© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012
Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации види ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012
This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012
La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПЕТТИ ОДДЕЛ
ОДЛУКА
ЗА ДОПУШТЕНОСТА НА
Жалба бр. 45216/07
поднесена од Johanna APPEL-IRRGANG и други
против Германија
Европскиот суд за човекови права (Петти оддел), заседавајќи на 6 октомври 2009 како Судски совет во состав:
Peer Lorenzen, Претседател,
Renate Jaeger,
Karel Jungwiert,
Rait Maruste,
Isabelle Berro-Lefèvre,
Mirjana Lazarova Trajkovska,
Zdravka Kalaydjieva, judges,
и Claudia Westerdiek, Секретар на оддел,
Во однос на гореспоменатата жалба поднесена ан 11 октомври 2007,
После одржаната расправа, одлучува како што следи:
ФАКТИ
Жалителите, г-ѓа Johanna Appel-Irrgang и нејзините родители, г-ѓа Kerstin Appel и г-н Ronald Irrgang, се германски државјани кои се родени во 1993, 1956 и1954 соодветно и живеат во Берлин. Тие беа застапувани пред Судот од г-н Reymar von Wedel и г-н Hasso von Wedel, адвокати од Берлин.
A. Околности на случајот
Фактите на случајот, како што се изнесени од жалителите, може да се резимираат како што следува.
1. Позадина на случајот
На 30 март 2006 Бундестагот [Bundestag] во Берлин го донесе првиот Закон со кој се изменува Законот за училишта од 26 јануари 2004 (Erstes Gesetz zur Änderung des Schulgesetzes). Член 1 oд новиот Закон за измени предвидувал нов параграф 6 кој требало да биде внесен во член 12, формулиран на следниот начин:
„Од седмо до десетто одделение во државните училишта, етиката ќе биде стандарден предмет кој ќе се предава на сите ученици. Целта на часовите по етика ќе биде да се промовираат склоноста и способноста на учениците, без оглед на нивното културно, етничко, верско или идеолошко потекло, да се справат, на конструктивен начин, со фундаменталните културни и етички проблеми на животот на поединецот и социјалната коегзистенција и различните вредносни системи и објаснувања за животот. Учениците така ќе стекнат основи за водење на автономен и одговорен живот, и ќе ја развијат способноста за социјална интеракција и способноста за меѓукултурен дијалог и етичка моќ на расудување. За таа цел, ќе се споделува знаење за филозофија, религиозна и филозофска етика, различните култури и начин на живот, главните светски религии и прашања за стилот на живеење. Наставата за етика ќе биде заснована на општите етички принципи во Основниот закон, Уставот на Берлин и обуката и наведената образовна мисија содржана во параграфите 1 и 3 од Законот за училишта. Часовите по етика ќе се држат на филозофски и религиозно неутрален начин. Училиштата ќе покриваат определени предмети во соработка со заедниците кои даваат часови за религија и филозофски мислења. Секое училиште ќе одлучи на кој начин таа соработка ќе бида реализирана во пракса. Училиштата мора да ги информираат родителите и старателите на учениците, навремено и соодветно, за целта, содржината и форматот на часовите по етика.“
Во април 2006, жалителите кои се протестанти, поднесле уставна жалба (no. 1 BvR 1017/06) против Законот до Сојузниот уставен суд. Со одлука од 14 јули 2006 совет од тројца судии на Сојузниот уставен суд ја прогласил жалбата за недозволена заради неискористување на правни лекови врз основа на тоа што жалителите прво требало да побараат од дирекцијата на училиштето ослободување според член 46(5), прва реченица, од Законот за училишта (види „Релевантно домашно право и пракса“) и тогаш, ако е потребно, да се жалат за случајот пред управните судови.
На 20 јули 2006 жалителите побарале првата жалителка да биде ослободена од часовите по етика.
На 29 јули 2006 тие изјавиле итно барање до Управниот суд во Берлин, барајќи привремено ослободување додека не се донесе одлука во главната постапка.
На 1 август 2006 Законот од 10 март 2006 влегол во сила.
2. Одлуките на управните судови
Со одлука од 21 август 2006 Управниот суд го отфрлил барањето на жалителите. Прво воочил дека, иако член 46(5), прва реченица, од Законот за училишта (види „Релевантно домашно право и пракса“) не ја исклучувал можноста да се одобри целосно ослободување од час, жалителите не дале важна причина (wichtiger Grund), во смисла на таа одредба, со која се оправдува таквото ослободување. Понатаму одлучил дека член 7 § 1 oд Основниот закон и дозволувал на федералнаta единица [Land] Берлин да воведе настава по етика, чија цел била да се учат сите ученици на однесување кое е одговорно и засновано на вредности, опишани во член 12(6) oд Законот за училишта (види погоре). Цела на училиштето не била само да се пренесува знаење, туку исто така да се образуваат учениците за да станат одговорни членови на општеството. Управниот суд исто така заклучил дека наставната содржина за етика била неутрална, не промовирала ниту едно убедување, религија или уверување како полегитимно и поважно од друго. Член 12(6) oд Законот за училишта предвидувал дека мора да се предаваат повеќе идеи и етички убедувања. Тоа било во согласност со принципите содржани во Основниот закон, кој не бил заснован на конкретен етички стандард туку се залагал за отвореност за повеќе религиозни и филозофски мислења, и гарантирал визија за човекот заснована на човековото достоинство и идејата за автономен и одговорен развој на својата личност. Управниот суд додал, на крај, дека немало докази дека во пракса дирекцијата на училиштата не ја почитувала неутралноста на државата во однос на религија и мислење. Начинот на кој часовите по етика биле држени во пракса, дотолку повеќе, не бил предмет на постапката.
Со одлука од 23 ноември 2006 Апелациониот управен суд во Берлин ги потврдил заклучоците на Управниот суд. Тој потврдил дека етичките часови биле ограничени во предавањето на верски теми и го правеле тоа на неутрален начин. Главните теми на часовите – хуманост, демократија и слобода – биле надополнети со други како што се толеранција, почитување за други убедувања, одговорност за зачувување на природните ресурси и спречување на решавање на конфликти по насилен пат, и биле во согласност со етичкиот стандард на Основниот закон. Таквите часови не доведувале до било какви проблеми според уставното право. Понатаму, немало докази дека во пракса предавањето на етика отстапувало од наставната програма.
Во одговор на повикувањето на жалителите на одлуката на Сојузниот уставен суд против изложување на крстови во училниците во државни училишта[1], Апелациониот управен суд одлучил дека првата жалителка не била во слична ситуација. Жалителите се жалеле за обврска да следат часови кои не биле „религиозни, значи секуларни“. По дефиниција не можело затоа да има мешање со нивната слобода на религија, која била дотолку повеќе гарантирана со можност да посетуваат часови за религиозно образование во училиштето, на кои се предавале етичките вредности на христијанската вера. Тврдењето на жалителите дека часот по етика била антисвештенички и антиверски било сосем неосновано. Понатаму, повикувајќи се на „масонска иделогија“ жалителите се чинело дека ги мешаат часовите по етика со часот по хуманизам (Humanistische Lebenskunde), кој бил час за филозфско убедување кој, како часовите за верско образование, бил факултативен и како таков не можел да се спореди со часот по етика.
Во однос на немањето можност да се добие ослободување од часот, Апелациониот управен суд одлучил дека наводното право да се избере помеѓу час по верско образование и час по етика не постоело и немало правна основа. Иако можеби било возможно, според уставното право, да се гледа на часот по етика како предмет на замена за учениците кои не посетувале часови по верско образование, нипто не го спречувало законодавното тело на Берлин да ги направи задолжителни часовите по етика за сите ученици.
3. Одлуката на Сојузниот уставен суд
Со одлука од 15 март 2007, доставена на застапниците на жалителите на 19 април 2007, истиот совет од три судии на Сојузниот уставен суд ја отфрлил втората жалба на жалителите (no. 1 BvR 2780/06).
Прво, воочил дека жалбата била допуштена и покрај фактот што обжалените одлуки биле донесени само во контекст на итна постапка. Во тој поглед тој посочил дека управните судови одговориле на сите прашања поставени од жалителите детално и дека затоа било малку веројатно дека тие ќе утврдат поинакви факти или ќе донесат различни мериторини заклучоци во спорот во главната постапка.
Испитувајќи ја основаноста на уставната жалба, Сојузниот уставен суд одлучил дека воведувањето на задолжителни часови по етика без можност за ослободување не го повредувало ниту правото на првата жалителка на слобода на религија, гарантирано со член 4 § 1 oд Основниот закон, ниту правото на вториот и третиот жалител да ги воспитуваат нивните деца во согласност со верски и филозофски убедувања гарантирано со член 6 § 2 oд Основниот закон. Обврската да се присуствува на часовите по етика не можела да се толкува како вршење на несоодветен притисок врз учениците и нивните родители во обид да се обесхрабрат од следење на часови по верско образование. Бројот на часови во распоредот на ученик кој посетува часови по веронаука бил навистина поголем од тој на ученик кој одбрал да не ги следи, но, не во значителна мерка. Такви дополнителни часови биле понатаму вообичаена и распространета пракса во училишта каде учениците се пријавувале за факултативни предмети, и постоеле без оглед на прашањето дали часот по етика бил еден од задолжителните предмети. Сојузниот уставен суд. понатаму воочил дека првата жалителка не била обврзана да посетува час чија содржина бил против нејзините убедувања. Иако, според членовите 4 § 1 и 6 § 2 oд Основниот закон, основните права гарантирани со тие одредби не биле предмет на било какви правни ограничувања, тие биле ограничени со самиот Устав, во случајот на член 7 § 2 oд Основниот закон, кој и ја доверил на државата должноста да ги образува учениците. Должноста ја овластувала државата да ги следи своите образовни цели независно од родителите во исто време одржувајќи неутрален и толерантен став кон нивните желби и сфаќања во врска со образованието. Не можело да има индоктринација од страна на властите, ниту изречно или имплицитно поистоветување со конкретно убедување на начин кој би можел да ја компромитира верската хармонија во општеството. Во случај на судир на интереси, правото на слобода на религија на детето и правото на родителите да го изберат образованието на нивните деца мора да бидат одмерено во врска со обврски од должноста на државата за образование. Било оставено на законодавното тело, во остварувањето на толеранција, да ги балансира тензиите кои неизбежно произлегуваат во државно училиште во кое учат деца со различни убедувања и мислења. Последователно, час по етика кој се предава само од гледна точка на определени убедувања не би бил легитимен; ниту пак изолирањето на учениците според морални, етички или верски мислења во општеството. Отвореноста кон плурализам на идеи и мислења била предуслов за државно училиште во либерална и демократска држава. Државата имало право да се обиде да се спречи развој на заедници одделени врз верска или филозофска основа и да промовира интеграција на малцинствата. По тоа прашање Сојузниот уставен суд. прецизирал дека интеграцијата не се постигнувала едноставно со тоа религиозното или филозофско мнозинство да се воздржи од исклучувања на малцинството, туку исто така наложувала мнозинството да не одбива дијалог со тие кои имаат различни убедувања или мислења. Една од должностите на државното образование би можела да биде да се предава и да се искуси коегзистенцијата, во пракса, во дух на толеранција. Спосбноста на еден ученик да има толерантен став и да биде подготвен да влезе во дијалог била еден од фундаменталните услови за учество во демократскиот живот и коегзистенција во општество со взаемно почитување за различните филозофски уверувања и убедувања.
Сојузниот уставен суд. одлучил дека учениците и нивните родители не можеле затоа да бараат, во текот на часовите, децата да не бидат изложени на убедувања и мислења различни од нивните. Во општество во кое има место за секое убедување, такво право не може да биде изведено од член 4 § 1 oд Основниот закон. Затоа едно училиште не можело да се критикува за предавање на теоријата за еволуција на часовите по биологија, осврнувањето на создавањето на светот на часовите по веронаука, или давање на информации за контрацепција и сексуално преносливи болести на часовите по сексуално образование, дури ако тие концепти биле спротивни на основните принципи на определени верски заедници. Фактот што законодавното тело на Берлин одлучило да ги спои учењето за основните вредности на коегзистенцијата во општеството и претставувањето на раличните верски и филозофски мислења во еден час можел да ги повреди основните права на децата и родителите само ако државата не ја почитува својата обврска на неутралност при планирањето и предавањето на часот по етика.
Што се однесува до аргументот на жалителите дека тоа што не можеле да добијат ослободување од часовите било спротивно на принципот на пропорционалност, Сојузниот уставен суд. одлучил дека законодавното тело на Берлин имало право, во исполнувањето на својата образовна должност, да пренесе на сите ученици, без оглед на тоа дали тие биле следеле верски или филозфски мислења, делење вредност преку заедничка наставна програма во која идеите на другите верски и филозофски сфаќања би биле исто така изложени. Со оглед на посебните практични околности и верска ориентација во општеството во Берлин, законодавното тело можело основано да смета дека предвидените легитимни цели – интеграција на учениците во општеството и промовирање на дух на толеранција – би биле подобро постигнати преку еден, заднички час по етика, задолжителен за сите ученици, отколку преку нивно запишување на посебни часови по веронаука, дебатирање на прашања за вредности во текот на други часови или дозволување на ослободување на ученици од часовите по етика.
Сојузниот уставен суд одлучил, на крај, дека немало докази дека часовите по етика не биле неутрални. Член 12(6), шеста реченица, од Законот за училишта изречно предвидувал дека етика ќе се предава во согласност со обврската на државата на верска и идеолошка неутралност. Програмата за предметот го вклучувала овој услов и предвидувала дека, се очекувало од наставниците да имаат свои ставови за етичките прашања кои се изучуваат на часовите и да им ги објаснат на учениците на веродостоен начин, но, не им било дозволено да вршат несоодветно влијание врз учениците. Слично, содржината на предметот ги опфаќала основните морални правила. Така од учениците се барало да сфатат дека основните права, наведени во Основниот закон или Уставот на Берлин, помеѓу останатите извори, биле потребната основа на секоја културна коегзистенција. На крај, часот по етика ги учел учениците за главните вредности и идеи кои ја оформиле западната култура, посебно просветлувањето и хуманизмот. Целта била да се поттикне дебата и дискусија помеѓу учениците за идеите кои се проткаени во филозофијата, културата, верските и идеолошките сфаќања. Сојузниот уставен суд. заклучил дека часот по етика бил во согласност со обврската на државата за неутралност и отвореност кон различни убедувања, религии и филозофии. Немало докази дека во пракса часот по етика не го почитувал законот или наставната програма.
Жалителите се повикаа на судска спогодба предложена од Сојузниот уставен суд во врска со уставна жалба против воведување на часови по етика во Бранденбург Land, која ја препорачувала можноста за ослободување од часовите. Во тој поглед Уставниот суд забележал дека, прифаќајќи ја спогодбата странките ја направиле жалбата да ја изгуби целта и затоа немало потреба да се донесе мериторна судска одлука во случајот.
На 26 април 2009 бил одржан референдум за да им се даде на часовите по веронаука и задолжителните државни часови по етика еднаква важност. Околу 29% од регистрираните избирачи учествувале на референдумот и само 48.4% гласале за, што, со оглед на нискиот одзив, не било доволно висок број во апсолутна смисла за да го достигне законскиот минимум (една четвртина од регистрираните избирачи) за да биде донесен предложениот закон.
Во мислењето на Владата (Senat) на Берлин, објавено во текот на референдумот, било наведено дека една третина од 3,400,000 жители на Берлин се изјасниле дека припаѓаат на една од повеќе од 250 верски или филозофски заедници, и дека половина од учениците во Берлин доаѓале од семејства на имигранти.
Б. Релевантно домашно право и пракса
1. Основниот закон
Член 4 § 1 oд Основниот закон ја гарантира слободата на уверување и совеста и слободата на верски и филозофски убедувања. Член 6 § 2 го гарантира природното право на родителите да ги воспитуваат и образуваат нивните деца. Член 7 § 1 предвидува дека целиот образовен систем е под надзор на државата. Член 7 § 2 предвидува дека родителите и старателите ќе имаат право да одлучат дали децата ќе следат верско образование.
2. Законот за училишта
Член 13 од Законот за училишта на Берлин (Schulgesetz) oд 26 јануари 2004 предвидува, помеѓу останатото, дека (факулатативно) верско или филозофско образование ќе биде обезбедено за верските заедници и заедниците кои промовираат други убедувања под неколку услови, вклучително дека тие треба да се во согласност со законот, дека се од траен карактер и дека имаат за цел пренесување на широко знаење за верски и филозофски убедувања. Овие заедници треба да осигураат дека часовите по веронаука и филозофија се предаваат во согласност со општите правила кои важат за било кој друг предмет. Родителите и старателите ќе одлучат, додека децата не наполнат четиринаесет години, дали тие ќе ги посетуваат тие часови. Училиштата треба да обезбедат два часа неделно во распоредот на учениците за овие предмети и да обезбедат училници за таа цел. Учениците кои не следат часови по веронаука можат да ги напуштат просториите на училиштето.
Член 46(5) предвидува, помеѓу другото, можност за делумно и потполно ослободување на ученик од предмет од наставната програма ако постои важна причина за тоа.
3. Наставна содржина за предметот
Наставната содржина за средно образование (Rahmenlehrplan für die Sekundarstufe I) во однос на часовите по етика од седмо до десетто одделение, подготвена од Министерството (Senatsverwaltung) за образование, млади и спорт на Берлин за учебната година 2006-2007 го наведува следното во поглавје 2.2. (основи и цели на часот по етика):
Верска и кнеутралност
„Предавањето на часот по етика е неутрално од верска и идеолошка перспектива. Забрането е презентирање на предметот од гледна точка на определен став или во форма на индоктринација. Часот, сепак, треба да е неутрален во однос на вредности (wertneutral). Младите луѓе мора да бидат образувани до духот на хуманост, демократија и слобода. Толеранцијата и почитувањето на убедувањето на другите се дел од тој процес, како и одговорноста за зачувување на природните ресурси и спречувањето на насилно решавање на конфликтите. Тоа што е контроверзно во реалноста така треба да биде третирано и на часовите. Од наставникот се очекува да има свои ставови за прашањата и судирот на вредности кои се дискутираат на часовите и мора да им ги објасни на учениците веродостојно. Очигледно е само по себе дека тој или таа мора да се воздржи од нессодветно влијание врз учениците.“
Поглавјето 5 од наставната програма за предметот набројува шест теми кои треба да се предаваат на часовите по етика: „Идентитет, пријателство и среќа“; „Слобода, одговорност и солидарност“; „Дискриминација, насилство и толеранција“; „Еднаквост, право и правда“; „Вина, должност и совест“ и „Знаење, надеж и убедување“. Наставната програма предлага да се пристапи на секој предмет од три различни гледипта: индвидуално, социјално и гледиштето на историјата на идеи. Така, за првата тема од програмата предлага, помеѓу останатото, да се изучуваат трите видови на пријателство според Аристотел; идејата за братство и заедништво во верата. Втората тема ја покрива етиката на одговорноста и убедувањето; автономијата и мнозинството; верската заповед да се сака својот близок. Помеѓу содржините на третата тема се социјалниот дарвинизам; културниот идентитет; видовите на сакање на својот непријател во етосот на светските религии; толеранцијата и платонската љубов. За четвртата тема се предлага: антрополошките основи и етиката на еднаквоста и нееднаквоста помеѓу луѓето; закон и морал; теории и принципи на правда. За петтата тема, содржината предлага изучување на христијанското учење за прародителскиот грев; колективната вина; негативните и позитивните должности; потеклото и природата на свесното; концептите на „ид“; „его“ и „суперего“. За последната тема, наставната програма предлага изучување на Платон; Ренесансата; емпиризмот и рационализамот; утопии; научна фантастика; романтизам; развој и прогрес; верување и суеверност; религии и идеологии; монотеизам и политеизам; религија, црквата и државата, секуларизација, свештенството и верската заедница.
ЖАЛБЕНИ НАВОДИ
Жалителите се жалеа дека првата жалителка била обврзана да следи часови по етика, кои – тие тврдеа – били воведени спротивно на должноста на државата за неутралност. Според нивното мислење, овие часови наметнувале ставови кои биле спротивни на нивните убедувања. Тие исто така тврдеа дека должноста на државата да го контролира образованието, предвидена со член 7 § 1 oд Основниот закон, не претставувала ограничување предвидено со член 9 § 2 oд Конвенцијата. Тие се повикаа на член 9 од Конвенцијата и втората реченица на член 2 од Протокол бр. 1.
ПРАВО
Жалителите тврдеа дека воведувањето на задолжителни часови по етика во училиштата во Берлин ги повредило нивните права според член 9 од Конвенцијата и втората реченица на член 2 од Протокол бр. 1, кои гласат:
член 9
„1 Секој има право на слобода на мислите, совеста и верата. Ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, како и слободата за изразување на својата вера или убедување, сам или заедно со другите, јавно или приватно, преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали.
2. Слободата за изразување на својата вера или на своите убедувања може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат мерки во интерес на јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на други, неопходни во едно демократско општество..“
член 2 oд Протокол бр. 1
„Никому не може да му се одземе правото на образование. Во своето дејствување во областа на образованието и наставата, државата ги почитува правата на родителите да обезбедат образование и настава во согласност со своите верски и филозофски убедувања.“
Жалителите се жалеа прво дека воведувањето на часовите по етика било спротивно на обврската на државата за неутралност затоа што државата ја одбрала содржината на предметот, го дефинирала терминот „етика“ и ја одредила „основата на вредностите“ на кои предметот бил заснован и ги обучувала наставниците, преку кои таа влијаела врз учиниците. Тие исто така тврдеа дека содржината на часот по етика била спротивна со нивните верски убедувања. Според нив, филозофскиот етос кој се предавал на часот бил спротивен со христијанскиот етос во повеќе аспекти. Тие тврдеа дека со него во суштина се негирало постоењето на Бога, бил од секуларна, атеистичка и антиверска природа и бил инспириран од идеите на просветлувањето, како што Сојузниот уставен суд посочил. Наставната програма за часот, која била понатаму определена без учество на верските заедници, давала малку простор за христијанството иако тоа било религијата на мнозинството, слично на суни исламот во случајот Hasan and Eylem Zengin v. Turkey (no. 1448/04, 9 October 2007). Жалителите исто така сметаа дека активното учество кое се барало од учениците на часовите по етика би било поинтензивно, и затоа поголема повреда на нивната слобода на религија, отколку присуството на распетието изложено на ѕидот на училница за кое Сојузниот уставен суд. сепак одлучил дека е некомпатибилно со Основниот закон. На крај, жалителите тврдеа дека образовната должност на државата според член 7 § 1 oд Основниот закон не спаѓала во листата на ограничувања на слободата на религија предвидени со член 9 § 2 oд Конвенцијата и затоа не можела да ја оправда обврската да се посетува настава по етика. Тие посочија дека (повикувајќи се на Zengin, цитиран погре, § 34), можноста да се биде ослободен (која била предвидена во повеќето држави договорнички) би ги направила сите незаконски ограничувања во тој поглед непотребни, како што Сојузниот уставен суд. и сугерирал во однос на уставната жалба против воведувањето на часови по етика во Бранденбург Land. Во врска со тоа тие нагласија дека спротивно на заклучокот на Сојузниот уставен суд. во неговата одлука за случајот кој сега се разгледува, предметот на претходната уставна жалба не ја изгубил својата цел затоа што некои од подносителите пред Сојузниот уставен суд не ја прифатиле предложената спогодба и дотолку повеќе поднесле жалба пред Судот во тој поглед (no. 25159/04, Dreke v. Germany).[2] Понатаму, според соопштение за печатот од 6 септември 2006 на Католичката и Протестантската црква во Берлин, посетувањето на наставата по веронаука се намалило за една четвртина затоа што биле воведени дополнителни часви за учениците со часовите по етика.
Судот на почетокот смета дека во овие околности жалителите не може да се критикуваат за тоа што не го чекале исходот на главната постапка пред домашните судови. Навистина, како што било наведено од Сојузниот уставен суд, управните судови ги разгледале прашањата поставени од жалителите детално и затоа не можело да се очекува, на крајот од главната постапка, тие да утврдат нови факти или да донесат поинакви мериторни заклучоци.
Судот понатаму смета дека е соодветно да се испитаат жалбените наводи на жалителите воглавно според член 2, втора реченица, од Протокол бр. 1. Судот повторува дека главните принципи во однос на генералното толкување на таа одредба, која мора да се земе во светло на член 8,9 и 10 од Конвенцијата, биле резимирани во два неодамнешни случаи (види Hasan and Eylem Zengin цитиран погоре, §§ 47-55, и Folgerø and Others v. Norway [GC], no. 15472/02, § 84, ECHR 2007‑III). Судот особено нагласува дека утврдувањето и планирањето на наставнта програма спаѓаат во принцип во надлежност на државите договорнички, кои и покрај тоа мора да гарантираат дека информациите или знаењето вклучено во програмата се пренесуваат објективно, критички и непристрасно, овозможувајќи им на учениците да развијат критичко размислување во однос на религијата во мирна атмосфера која е ослободена од секаков несоодветен проселитизам. Ним им е исто така забранета индоктринација која може да се смета дека не ги почитува верските и филозофски убедувања на родителите, затоа што родителите ја имаа примарната одговорност за образување и воспитување на нивните деца. Тоа е границата која не смее да се премине.
Судот воочува дека жалителите воглавно се жалеа дека часовите по етика не биле неутрални и дека нивниот секуларен карактер бил спротивен на нивние верски убедувања.
Судот воочува дека, според член 12(6) oд Законот за училишта целта на часовите по етика е да ја промовираат склоноста и способноста на учениците од средните училишта, без оглед на нивното културно, етничко, верско или идеолошко потекло, да размислуваат за фундаменталните културни и етички проблеми на животот на поединецот и социјалниот живот со цел да ја развијат нивната спосбност за социјална интеракција и способност за меѓукултурен дијалог и етичка моќ на расудување. За таа цел, ќе се споделува знаење помеѓу останатото, за филозофија, религиозна и филозофска етика, различните култури и начини на живот и главните светски религии. Според Сојузниот уставен суд, отвореноста кон плурализам на идеи и сфаќања била предуслов за државно образование во демократска и либерална држава која легитимно може да настојува да ја спречи појавата на сегрегација заснована на верско или филозофско сфаќање и да промовира итеграција на малинствата. Способноста на ученикот да биде толерантен и отворен за дијалот е еден од основните услови за учество во демократскиот живот и живеење во општество со взаемно почитување за различните уверувања и филозофски убедувања.
Според мислењето на Судот, целите на часовите по етика се во согласност со принципите на плурализам и објективност изразени во член 2 од Протокол бр. 1 (види Zengin, цитиран погоре, § 59; Folgerø, цитиран погоре, § 88; and Konrad and Others v. Germany (dec.), no. 35504/03, ECHR 2006‑XIII) и со препораките на Парламентарното собрание на Советот на Европа (види Zengin, цитиран погоре, §§ 26-27). Судот посочува дека во гореспоменатите случаи Zengin и Folgerø нашол повреда на член 2 од Протокол бр. 1 врз основа на тоа што жалителите во тие случаи биле обврзани да посетуваат настава по веронаука иако во првиот случај припаѓале на поинаква верска гранка на исламот од мнозинството, а во вториот случај тие не припаѓале на ниту една вера. Во овој пак случај, јасно е дека часовите по етика кои првата жалителка морала да ги посетува се неутрални и не даваат посебна тежина на ниту една религија или вера; туку тие настојуваат да им пренесат на учениците заедничка основа за вредности и да ги научат да бидат отворени кон луѓе чии убедувања се различни од нивните. Судот исто така воочува дека, како што посочил Сојузниот уставен суд, иако во наставната програма се очекувало наставниците да имаат свои гледиште за етичките прашања кои се изучуваат на часвоите и веродостојно да им ги објаснат на учениците, нив не им е дозволено да вршат несоодветно влијание врз учениците. Што се однесува на наставата по етика во пракса, Судот воочува дека жалителите не тврдеа дека знаењето кое се пренесувало во текот на учебната година 2006-2007 не ги почитувало нивните верски убедувања или дека имало цел на индоктринација. Управниот суд нагласил, дотолку повеќе, дека предавањето на часовите во пракса не било предмет на постапката пред него.
Во однос на аргументот на жалителите дека покрај христијанската традиција на Германија, христијанската религија не била соодветно претставена во наставната програма по етика, Судот смета дека, иако неговата судска пракса потврдува дека една религија може да зазема поголем дел од наставната програма за училиштата во држава договорничка заради нејзината историја и традиција без да се гледа на тоа како отстапување од принципите на плурализам и објективност кое доведува до индоктринација (види Zengin, цитиран погоре, § 63, и Folgerø цитиран погоре, § 89), одлуката на властите во Берлин за неутралност која оставала простор за различни убедувања и уверувања не претставува сама по себе проблематично прашање според Конвенцијата. Судот воочува во врска со тоа дека Сојузниот уставен суд се согласил со тој избор со оглед на посебните фактички околности и верската ориентација во федералната единица Берлин [Land]. Ставот на законодавното тело на Берлин дека наведените цели би биле подобро постигнати преку еден, заднички час по етика, задолжителен за сите ученици, отколку преку одделување во зависност од тоа на која верска или филозофска група припаѓаат или преку изучување на предметот етика на други часови спаѓа во полето на слободна оцена на државата и е прашање на целисходност кое, во принцип, не е на Судот да го оценува (види Kjeldsen, Busk Madsen and Pedersen v. Denmark, 7 December 1976, § 53, Series A no. 23; Jiménez Alonso and Jiménez Merino v. Spain (dec.), no. 51188/99, ECHR 2000‑VI; and Valsamis v. Greece, 18 December 1996, §§ 28 and 31-32, Reports of Judgments and Decisions 1996‑VI).
Што се однесува ан тврдењата на жалителите дека часовите по етика биле спротивни на нивните верски убедувања, Судот забележува дека ниту Законот за училишта ниту наставната програма покажувале дека часовите биле предвидени да му дадат приоритет на едно убедување, или ги изоставуваат или оспоруваат другите убедувања, посебно христијанската вера. Во овој поглед воочува дека наставнта програма предлага да се изучуваат различни етички теми, вклучувајќи и „верската заповед да се сака својот близок“, „да се сака својот непријател“, христијанското учење за прародителскиот грев и религиите воопшто (монотеизам, политеизам, Црквата и државата, верските заедници). Понатаму, член 12(6) oд Законот за училишта предвидува дека училиштата ќе покриваат определени предмети во соработка со верските или филозофските заедници. Во однос на тврдењето на жалителите дека часовите по етика содржеле идеи или концепти кои биле критички кон или спротивставени на христијанските уверувања, Судот смета дека не е возможно да се изведе од Конвенцијата право да не се биде изложен на убедувања спротивни на своето (види mutatis mutandis, Konrad, цитиран погоре). Судот забележува пред сѐ дека првата жалителка може да продолжи со часовите по протестантска веронаука кои се обезбедени во училишните простории и дека нема ништо што ги спречува нејзините родители да ја просветлуваат и советуваат нивната ќерка, имајќи ја природната улога како нејзини едукатори или водејќи ја во насока компатибилна со нивните верски убедувања (види Kjeldsen, Busk Madsen and Pedersen, цитиран погоре, § 54; Konrad, цитиран погоре; и Jiménez Alonso and Jiménez Merino, цитиран погоре). Воочува по ова прашање дека жалителите не ја докажале пред Судот жалбата поднесена пред домашните судови дека воведувањето на часовите по етика го отежнало следењето на часовите по веронаука. Повикувањето на соопштението за печат на Протестантската и Католичката црква само по себе не е доволно во тој поглед.
Со оглед на претходноваведеното, Судот смета дека со воведувањето на задолжителни часови по етика националните власти не го пречекориле полето на слободна оцена доверено со член 2 од Протокол бр. 1, одредба која наметнува обврска на државата да им го осигураат на децата нивното право на образование (види Costello-Roberts v. the United Kingdom, 25 March 1993, § 27, Series A no. 247‑C, и Martins Casimiro and Cerveira Ferreira v. Luxembourg (dec.), no. 44888/98, 27 April 1999). Судот затоа заклучува дека берлинските власти не биле обврзани да предвидат генерално ослободување од часовите по етика. Фактот што друга федерална единица донесла поинаква одлука во тој поглед не го менува овој заклучок. Нема посебно спорно прашање по член 9 од Конвенцијата.
Следува дека жалбените наводи на жалителите се очигледно неосновани и мора да бидат отфрлени во согласност со член 35 §§ 3 и 4 од Конвенцијата.
Од тие причини, Судот едногласно
Ја прогласува жалбата за недопуштена.
Claudia WesterdiekPeer Lorenzen
СекретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC датабазата на судска пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на случајот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако целта е да се употреби било кој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
[1]. Одлука од 16 мај 1995, no. 1 BvR 1087/91, Reports of the Decisions of the Federal Constitutional Court vol. 93, pp.1 et seq.
[2]. Прогласена за недопуштена од страна на Комитет од тројца судии (член 28 од Конвенцијата) на 6 ноември 2007.
Full & Egal Universal Law Academy