© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА А. И ДРУГИ ПРОТИВ ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
(Жалба бр. 3455/05)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
19 февруари 2009 год.
Оваа пресуда е конечна но може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот на А. и други против Обединетото Кралство
Европскиот суд за човекови права кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Жан-Пол Коста (Jean-Paul Costa), Претседател,
Христос Розакис (Christos Rozakis),
Николас Браца (Nicolas Bratza),
Франсоаз Тилкен (Françoise Tulkens),
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Џовани Бонело (Giovanni Bonello),
Ирену Кабрал Барету (Ireneu Cabral Barreto),
Елизабет Штајнер (Elisabeth Steiner),
Лех Гарлицки (Lech Garlicki),
Канлар Хаџијев (Khanlar Hajiyev),
Лилјана Мијовиќ (Ljiljana Mijović),
Егберт Мијер (Egbert Myjer),
Давид Тор Бјоргвинсон (David Thór Björgvinsson),
Јоргос Николау (George Nicolaou),
Леди Бјанку (Ledi Bianku),
Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria),
Михаи Поалелунџи (Mihai Poalelungi), судии,
и Мајкл О’Бојл (Michael O’Boyle), заменик секретар,
Откако го разгледа случајот на затворени седници на 21 мај 2008 г. и на 4 февруари 2009 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Предметот произлегува од жалба (бр. 3455/05) против Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на единаесет лица кои не се државјани на Обединетото Кралство („жалителите“) на 21 јануари 2005 год. Претседателот се согласи со барањето на жалителите да не се откријат нивните имиња (правило 47 § 3 од Деловникот на Судот).
2. Жалителите биле претставени од Бирнберг Пирс и партнерите (Birnberg Pierce and Partners), адвокатска форма со пракса во Лондон. Владата на Обединетото Кралство („Владата“) била претставенa од нивниот агент, г-дин Д. Вoлтон (D. Walton), Министерство за надворешни работи и Комонвелт.
3. Жалителите тврделе пред сè дека биле незаконски притворени, со што биле прекршени членовите 3, 5 § 1 и 14 од Конвенцијата и дека немале соодветни правни лекови на располагање со што биле прекршени членовите 5 § 4 и 13.
4. Жалбата биле доделена на Четвртата секција на Судот (правило 52 § 1 од Деловникот на Судот). На 11 септември 2007 г. Советот на Секцијата, составен од следниве судии: Хосеп Касадевал, Николас Браца, Џовани Бонело, Кристик Траја, Станислав Павлоски, Лех Гарлицки, Лилјана Мијовиќ, како и Лоренс Ирли, секретар на Секцијата, се одрекоа од јуриздикцијата во корист на Големиот судски совет, на што ниедна од странките немаше приговор (член 30 од Конвенцијата и правило 72).
5. Составот на Големиот судски совет беше утврден според одредбите од членот 27 §§ 2 и 3 од Конвенцијата и правилото 24 од Деловникот на Судот.
6. И жалителите и Владата ги поднесоа сопствените забелешки на писмено во однос на основаноста. Исто така беа примени коментари од трета странка од две невладини организации со седиште во Лондон, Либерти (Liberty) и Џастис (Justice), на кои претседателот им дозволи да интервенираат во писмената постапка (член 36 § 2 од Конвенцијата и правилото 44 § 2).
7. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 21 мај 2008 година (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(a)за Владата
Г-дин Д. Волтон (D. Walton), агент,
Г-дин П. Сејлс (P. Sales)
Г-ѓа К. Ајвими (C. Ivimy),адвокат,
Г-дин С. Бравинер-Роман (S. Braviner-Roman),
Г-ѓа К. Чалмерс (K. Chalmers),
Г-дин Е. Адамс (E. Adams),
Г-дин Џ. Адут (J. Adutt),
Г-дин Л. Смит (L. Smith), советници;
(б)за жалителите
Г-ѓа Џ. Пирс (G. Pierce),
Г-ѓа М. Вилис Стјуарт (M. Willis Stewart),
Г-дин Д. Гведала (D. Guedalla),адвокати,
Г-дин Б. Емерсон (B. Emmerson),
Г-дин Р. Хусаин (R. Husain),
Г-дин Д. Фридман (D. Friedman), адвокат.
Судот ги сослуша обраќањата на г-дин Емерсон и г-ѓа Сејлс и нивните одговори на прашањата на Судот
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
8. Фактите на случајот, како што се изјаснија странките, можат да се резимираат на следниов начин.
А. Дерогацијата
9. На 11 септември 2001 година четири комерцијални авиони биле киднапирани над Соединетите Американски Држави. Два од нив директно влетале во Кулите Близначки на Светскиот Трговски Центар, а третиот во Пентагон како резултат на што имало огромен број на жртви и бил уништен имот. Исламската екстремистичка терористичка организација Ал Каеда под раководство на Осама Бин Ладен ја презеде одговорноста. Обединетото Кралство им се придружи на САД во воена акција во Авганистан, кој бил користен како база за камповите за обука на Ал Каеда.
10. Владата тврдеше дека настаните од 11 септември 2001 г. покажале дека меѓународните терористи, пред сè оние поврзани со Ал Каеда, имале намера и капацитет да извршат напади против цивилни цели од невидени размери. Исто така со оглед на лабавата глобална структура на Ал Каеда и нејзините соработници и нивниот фанатизам, суровост и решеност би било тешко за една држава да спречи идни напади. Според проценката на Владата, Обединето Кралство заради своите блиски врски со САД, била посебна цел. Тие сметале дека имало кризна состојба од најсериозен вид која претставувала закана по животот на нацијата. Исто така тие сметале дека заканата главно, но не единствено, доаѓала од повеќе странски државјани кои се наоѓале во Обединетото Кралство, и кои обезбедувале мрежа за поддршка за исламските терористички операции поврзани со Ал Каеда. Повеќето од овие странски државјани не можеле да бидат депортирани заради ризикот дека во своите земји на потекло би страдале од постапување спротивно на членот 3 од Конвенцијата.
11. На 11 ноември 2001 г. државниот секретар дал Налог за дерогација согласно членот 14 од Законот за човекови права од 1998 година („Законот од 1998 г.“: види параграф 94 долу) во кој ги поставил условите на предложеното известување за дерогација до генералниот секретар на Советот на Европа во согласност со членот 15 од Конвенцијата. На 18 декември 2001 г. Владата поднела дерогација до генералниот секретар на Советот на Европа. Известувањето за дерогацијата го содржело следново:
„Кризна состојба во Обединетото Кралство
Терористичките напади во Њујорк, Вашингтон и Пенсилванија од 11 септември 2001 г. резултираа со неколку илјадници жртви, вклучително и многу британски како и други жртви од 70 различни земји. Во своите резолуции 1368 (2001) и 1373 (2001), Советот за безбедност на Обединетите нации во нападите препозна закана по меѓународниот мир и безбедност.
Заканата од меѓународен тероризам е континуирана. Во резолуцијата 1373 (2001) Советот за безбедност, дејствувајќи во согласност со Главата VII од Повелбата на Обединетите нации, побара од сите држави да преземат мерки за спречување на организирање на терористички напади, вклучувајќи и преку одбивање да им се обезбеди безбедно засолниште на оние што ги финансираат, планираат, поддржуваат или извршуваат терористичките напади.
Оттука постои терористичка закана по Обединетото Кралство од лица осомничени за вмешаност во меѓународен тероризам. Особено, постојат странски државјани присутни во Обединетото Кралство кои се осомничени дека се вмешани во нарачката, подготовката или поттикнувањето на акти на меѓународен тероризам, дека се членови на организации или групи кои се засегнати или имаат врски со членови на такви организации или групи, и кои претставуваат закана по националната безбедност на Обединетото Кралство.
Како резултат на ова, а во рамките на значењето на членот 15(1) од Конвенцијата, во Обединетото Кралство постои кризна состојба.
Законот за борба против тероризам, криминал и за безбедност од 2001 година
Како резултат на кризната состојба во државата, во Законот за борба против тероризам, криминал и за безбедност од 2001 г. направена е одредба за, меѓу другото, проширено овластување за апсење или притворање на странски државјани којашто ќе се применува кога постои намера да се отстрани или депортира лице од Обединетото Кралство, но кога отстранувањето или депортирањето не е можно во тој момент, со последица притворот да биде незаконски според постоечките домашни законски овластувања. Проширеното овластување за апсење и притвор ќе се применуваат кога државниот секретар ќе издаде сертификат во кој се посочува неговата увереност дека присуството на лицето во Обединетото Кралство претставува ризик по националната безбедност и дека се сомнева дека лицето е меѓународен терорист. Тој сертификат подложи на жалба до Специјалната комисија за жалби во врска со имиграциски прашања (‘СКЖИП’) формирана во согласност со Законот за Специјалната комисија за жалби во врска со имиграциски прашања од 1997 година, која ќе има овластување да го укине истиот доколку смета дека не требало да биде издаден. Можна е жалба по точка од законот во однос на одлуката на СКЖИП. Исто така сертификатот ќе биде разгледан од СКЖИП на редовни интервали. СКЖИП ќе може да дозволи и кауција, кога тоа ќе е соодветно, во согласност со одредени услови. За притвореникот ќе постои отворена опција да го прекине својот притвор во секое време доколку се согласи да го напушти Обединетото Кралство.
Проширеното овластување за апсење и притвор во Законот за борба против тероризам, криминал и за безбедност од 2001 г. претставува мерка којашто е строго условена од итноста на ситуацијата. Се работи за привремена одредба којашто стапува на сила за почетен период од 15 месеци и потоа истекува освен ако не се обнови од Парламентот. Затоа е предмет на годишно обновување од Парламентот. Доколку, во даден момент, според проценката на Владата повеќе не постои кризна состојба во државата или проширеното овластување повеќе не е неопходно заради итноста на ситуацијата, тогаш државниот секретар со наредба ќе ја укине одредбата.
Домашни законски овластувања за притвор (покрај оние во Законот за борба против тероризам, криминал и за безбедност од 2001 г.)
Владата има овластувања во согласност со Законот за имиграција од 1971 г. (‘Законот од 1971 г.’) да отстрани или депортира лица врз основ дека нивното присуство во Обединетото Кралство не е добро за јавноста поврзано со националната безбедност. Лица исто така можат да бидат уапсени и притворени во согласност со Листите 2 и 3 од Законот од 1971 година додека се чека да бидат отстранети или депортирани. Судовите во Обединетото Кралство пресудија дека ова овластувања за притвор може да се применува само во текот на неопходниот период, во сите околности на конкретниот случај, за да се примени отстранување, и дека доколку стане јасно дека отстранувањето нема да биде можно во разумни време, притворот ќе биде незаконски (R. v Governor of Durham Prison, ex parte Singh [1984] All ER 983).
Членот 5(1)(ѓ) од Конвенцијата
Добро е утврдено дека членот 5(1)(ѓ) дозволува притвор на лице заради депортирање само во околности кога ‘се презема дејствие заради депортирање’ (Chahal v United Kingdom (1996) 23 EHRR 413 во параграф 112). Во тој случај Европскиот суд за човекови права посочи дека притворот нема повеќе да е дозволен согласно членот 5(1)(ѓ) доколку постапките за депортирање не се спроведуваат со потребното внимание и доколку тоа било потребно во таквите случаи за да се утврди дали времетраењето на постапките за притвор било претерано (параграф 113).
Во некои случаи, кога останува намерата за отстранување или депортирање по национален безбедносен основ, континуиран притвор може да не е во согласност со членот 5(1)(ѓ) како што Судот толкува во случајот Чахал. Ова е можно на пример доколку лицето утврдило дека отстранувањето во нивната сопствена земја може да резултира со постапување спротивно на членот 3 од Конвенцијата. Во такви околности, без разлика на тежината на заканата од засегнатото лице по националната безбедност, добро е воспоставено дека членот 3 спречува отстранување или депортирање на локација каде постои вистински ризик дека лицето ќе страда од постапување спротивно на тој член. Доколку нема алтернативна дестинација која е достапна веднаш, тогаш отстранувањето или депортирањето во тој момент нема да е можно иако крајната намера останува да се отстрани или депортира лицето откако ќе се направат задоволувачки аранжмани. Дополнително на тоа може да не е можно да се гони лице за кривично дело со оглед на строгите правила за допуштеноста на доказите во кривичниот правосуден систем на Обединетото Кралство и високиот стандард за докажување што се бара.
Дерогација согласно членот 15 од Конвенцијата
Владата разгледа дали примената на проширеното овластување за притвор содржано во Законот за борба против тероризам, криминал и за безбедност од 2001 г. може да не е во согласност со обврските согласно членот 5(1) од Конвенцијата. Како што е посочено горе може да постојат случаи во кои без разлика на континуираната намера за отстранување или депортирање на едно лице кое е притворено, да не е можно да се каже дека ‘се презема дејствие заради депортирање’ во рамките на значењето на членот 5(1)(ѓ) како што е протолкуван во случајот Чахал. Затоа со оглед дека примената на проширеното овластување може да не е во согласност со обврските на Обединетото Кралство согласно членот 5(1) Владата одлучи да го искористи правото на дерогација доделено со членот 15(1) од Конвенцијата и ќе продолжи да го применува до следното известување.“
Известувањето за дерогација потоа ги утврдува одредбите од Делот 4 од Нацрт законот за борба против тероризам, криминал и за безбедност од 2001 година.
12. На 12 ноември 2001 г. Нацрт законот против тероризам, криминал и за безбедност кој содржел клаузули кои требале да станат Делот 4 од Законот за борба против тероризам, криминал и за безбедност од 2001 година („Законот од 2001 г.“: види го параграфот 90 долу) бил изнесен пред Долниот дом.
Нацрт законот бил усвоен од Парламентот во рок од две недели, со тридневна расправа во Долниот дом што била одредена за неговите 125 клаузули во рестриктивен поднесок за програмирање, со што биле поттикнати и Заедничкиот комитет за човекови права и Комитетот за внатрешни работи да се пожалат на брзината со која било побарано од нив да го разгледаат ова прашање.
13. Законот од 2001 г. стапи на сила на 4 декември 2001 г. За време на примената на законот шеснаесет лица, вклучително и актуелните единаесет жалители добиле сертификат согласно членот 21 и биле притворени. Првите шест жалители добиле сертификат на 17 декември 2001 г. и биле притворени набрзо потоа. Седмиот жалител добил сертификат на почетокот на февруари 2003 г; деветтиот жалител на 22 април 2002 г.; осмиот жалител на 23 октомври 2002 г.; десеттиот жалител на 14 јануари 2003 г.; и единаесеттиот жалител добил сертификат на 2 октомври 2003 г. и биле држени во притвор откако претходно биле задржени според друг закон.
Б. Дерогативните постапки
14. Во постапките пред Специјалната комисија за жалби во врска со имиграциски прашања („СКЖИП“: види во параграфите 91-93 долу), првите седум жалители ја оспориле законитоста на дерогацијата тврдејќи дека нивниот притвор според Законот од 2001 година претставувал повреда на нивните права согласно членовите 3, 5, 6 и 14 од Конвенцијата. Секој од нив, исто така ја оспорил и одлуката на државниот секретар да ги прогласи дека се меѓународни терористи.
15. На 30 јули 2002 г. откако биле разгледани и отворените и запечатените материјали и сослушани изјавите од специјалните застапници во име на странките и третата странка, Либерти, СКЖИП усвоила одлука во врска со законитоста на дерогацијата. Таа одлучила врз основа на отворениот материјал дека е задоволна дека заканата од Ал Каеда создала кризна состојба која била закана по животот на нацијата во рамките на значењето на членот 15 од Конвенцијата и дека запечатениот материјал го потврдил гледиштето.
СКЖИП исто така одлучила дека фактот дека целта да се заштити јавноста од меѓународни терористи можела да се постигне со алтернативни методи, не демонстрирал дека мерките кои всушност биле усвоени не биле строго неопходни. Исто така со оглед дека целта на притворот бил заштита на Обединетото Кралство, фактот дека притвореникот имал слобода да замине демонстрирал дека мерките биле соодветно прилагодени на кризната состојба.
СКЖИП ги одбила жалбите на жалителите согласно членот 3 на Конвенцијата. Таа одлучила дека што се однесува до условите на притворот жалителите требало да покренат постапки пред граѓанските судови, и дека СКЖИП немала јуриздикција да одлучува по таквата жалба со оглед дека не била „дерогативно прашање“. Таа понатаму не гледала валидност во аргументот на жалителите дека притворот на неограничено време бил спротивен на членот 3. Во однос на ова прашање СКЖИП одлучила дека притворот не бил неограничен со оглед дека бил подложен на временските ограничувања од Законот од 2001 г. и со оглед дека Законот од 2001 г. уредувал дека доколку жалителот добие таков сертификат дека тоа подложи на разгледување од страна на СКЖИП на секои шест месеци. Во секој случај самиот факт дека сè уште не бил утврден никаков период за превентивен притвор не значело дека имало повреда на членот 3.
СКЖИП не прифатил дека членот 6 важел за процесот на доделување сертификат. Прогласувањето на секој жалител за осомничен меѓународен терорист на претставувало „обвинение“, туку наместо тоа изјава за сомнеж, а постапките пред СКЖИП не биле за утврдување на кривичното обвинение. Исто така, не било во прашање никакво релевантно граѓанско право, а ни членот 6 не се применувал во своето граѓанско значење.
СКЖИП меѓутоа одлучила дека дерогацијата била незаконска затоа што релевантните одредби од Законот од 2001 г. неоправдано дискриминирале против странските државјани со што се прекршувал членот 14 од Конвенцијата. Овластувањата на Законот од 2001 г. соодветно би можеле да се ограничат на оние што не се државјани само доколку заканата доаѓала исклучиво или речиси исклучиво од лица што не се државјани, а доказите не поддржувале таков заклучок. Во параграфите 94-95 од својата пресуда СКЖИП одлучила:
„94. Доколку постои делотворно отстапување од правото на слобода втемелено во членот 5 во однос на осомничени меѓународни терористи – а ние можеме да видиме моќни аргументи во корист на таквото отстапување – дерогацијата треба рационално да се прошири на сите осомничени меѓународни терористи што не можат да се отстранат. Тоа соодветно би било ограничено на делот од населението кој го сочинуваат странци само доколку, како што [адвокатот на жалителите] тврди, заканата доаѓа исклучиво или речиси исклучиво од тој дел што го сочинуваат странци.
95. Но доказите што се пред нас демонстрираат повеќе од сигурно дека заканата не е така ограничена. Веќе се идентификувани многу британски државјани – главно во притвор во странство – кои потпаѓаат под дефиницијата на „осомничени меѓународни терористи“ и јасно е од изјавите дадени пред нас дека според мислењето на [државниот секретар] постојат и други кои се на слобода во Обединетото Кралство, а коишто можат да бидат дефинирани на сличен начин. Во такви околности не успеавме да видиме како дерогацијата може да се смета за нешто друго освен дискриминирачка врз основа на националното потекло.“
Оттука СКЖИП го поништила налогот за дерогација од 11 ноември 2001 г. и прогласила некомпатибилност во однос на членот 23 од Законот од 2001 г. а во согласност со членот 4 од Законот од 1998 г. (види во параграф 94 долу).
Таа ги одложила поединечните жалби на првите седум жалители против сертификатот што бил издаден (види во параграфите 24-69 долу) во исчекување на исходот на жалбата на државниот секретар и вкрстената жалба на жалителите во однос на точките од законот против горенаведената пресуда.
16. На 25 октомври 2002 г. Апелациониот суд ја усвоил својата пресуда (A. and Others v. Secretary of State for the Home Department [2002] EWCA Civ 1502).
Тој одлучил дека СКЖИП имала право да утврди дека имало кризна состојба во државата која се заканувала по животите на нацијата. Меѓутоа, спротивно на гледиштето на СКЖИП тој одлучил дека пристапот усвоен од државниот секретар објективно може да се оправда. Постоела рационална врска меѓу притворот на оние што не биле државјани, а кои не можеле да бидат депортирани заради страв за нивната безбедност, и целта која државниот секретар сакал да ја постигне, а која била да се отстранат оние што не биле државјани, а кои претставувале закана по националната безбедност. Исто така жалителите би биле притворени на период не подолг од потребниот пред да можат да бидат депортирани или до разрешувањето на кризната состојба или доколку престанеле да претставуваат закана по безбедноста на земјата. Немало дискриминација спротивна на членот 14 од Конвенцијата, затоа што британските државјани осомничени дека биле терористи не биле во слична ситуација со странските државјани осомничени на сличен начин бидејќи не можеле да бидат депортирани заради стравот за нивната безбедност. Таквите странски државјани немале право да останат во земјата, туку само право во тој момент да не бидат отстранети заради нивната сопствена безбедност. Апелациониот суд додал дека било добро утврдено во меѓународното право дека во некои ситуации, државите можат да направат разлика меѓу државјаните и оние што не се државјани, особено во време на кризна состојба. Понатаму заклучува дека Парламентот имал право да ги ограничи мерките кои биле предложени, а кои се однесувале само на странските државјани осомничени за терористички врски бидејќи имал право да донесе заклучок дека притворот само на ограничена класа на странски државјани на која се однесувале мерките во дадените околности „навистина бил потребен“ во рамките на значењето на членот 15 од Конвенцијата.
Апелациониот суд се согласил со СКЖИП дека постапките за жалби против сертификатите не биле „кривични“ во рамките на значењето на членот 6 § 1 од Конвенцијата. Меѓутоа тој утврдил дека граѓанскиот основ на членот 6 важел но дека постапките биле правични во рамките на она што можело да се постигне. Тој понатаму одлучил дека жалителите не демонстрирале дека нивниот притвор довел до повреда на членот 3 од Конвенцијата.
17. На жалителите им била дадена дозвола да се жалат пред Домот на лордовите, кој ја усвоил својата пресуда на 16 декември 2004 г. ([2004] UKHL 56).
Мнозинството од лордовите законодавци изречно или имплицитно утврдиле дека притворот на жалителите според Делот 4 од Законот од 2001 г. не потпаѓале под исклучокот на општото право на слобода дадено во член 5 § 1(ѓ) од Конвенцијата (види кај лорд Бингам, во параграф 8-9; лорд Хофман, во параграф 97; лорд Хоуп во параграфите 103-105; лорд Скот, во параграф 155; лорд Роџер, во параграф 163; баронесата Хејл, во параграф 222). Лорд Бингам го резимирал ставот на овој начин:
„9. ... Лице коешто ќе стори сериозно кривично дело според кривичниот закон на оваа земја, без разлика дали е државјанин или не, може да биде обвинет, суден и ако осуден, затворен. Но лице што не е државјанин, а кое е соочено со можност од мачење или нечовечно постапување доколку е вратено во сопствената земја, и кое не може да биде депортирано во ниедна друга земја, а не е обвинето за никакво кривично дело не може согласно членот 5(1)(ѓ) од Конвенцијата и Листата 3 од Законот за имиграција од 1971 г. да биде притворено, дури и ако се просуди дека претставува закана по националната безбедност“.
18. Домот на лордовите исто така одлучил со осум гласови за и еден против (лордовите Бингам и Скот со значително двоумење), дека заклучокот на СКЖИП дека имало кризна состојба која претставувала закана по животите на нацијата не треба да се отфрли. Лордот Хоуп ги оценил доказите на следниов начин:
„118. Има голем број на докази во рамките на [отворениот] материјал кои покажуваат дека владата во целост имала право да го заземе гледиштето во ноември 2001 г. дека имало кризна состојба која се заканувала по животите на нацијата. ... Обединетото Кралство било во опасност од напади од мрежата на Ал Каеда која имала капацитет преку своите соработници да предизвика масовни жртви и да има разорни последици по функционирањето на нацијата. Ова било демонстрирано од настаните од 11 септември 2001 година во Њујорк, Пенсилванија и Вашингтон. Имало значителен корпус на странски државјани во Обединетото Кралство кои сакале и можеле да организираат координирани напади овде, што би било подеднакво деструктивно по човечките животи и имот. Имало големо количество на разузнавачки информации кои покажувале дека меѓународни терористички организации инволвирани во неодамнешните напади и во подготовката на други терористички напади имале врски со Обединетото Кралство и дека тие и други претставувале континуирана закана за оваа земја. Имало сè поголем корпус на докази кои покажувале подготовки за употреба на оружје за масовно уништување во оваа кампања.... [Министерството за внатрешни работи] сметало дека сериозните закани по нацијата произлегувале главно, иако не исклучиво, и подиректно од категоријата на странски државјани.
119. Сликата што јасно произлегува од овие изјави е од актуелната кризна состојба. Се работи за кризна состојба која произлегува од заканата дека овие напади ќе бидат спроведени. Таа се заканува по животите на нацијата заради ужасните последици кои би можеле да влијаат на сите нас доколку се случат овде. Но сè уште не може да се каже дека овие напади можат да се случат во секој момент. На 15 октомври 2001 г. државниот секретар изјавил во Долниот дом дека немало разузнавачки информации кои директно укажувале на конкретна закана против Обединетото Кралство: види кај Хансард (HC Debates, col 925). На 5 март 2002 г. оваа проценка на ставот беше повторена во одговорот на Владата на Вториот извештај на Комитетот за одбрана на Долниот дом во врска со терористичките закани (HC 348, para 13) каде што било изјавено дека би било погрешно да се каже дека имало докази за конкретна закана. Од материјалот што го видовме не би заклучил дека немало кризна состојба во моментот. Но би заклучил дека кризната состојба која ја сочинуваат заканите е од различен вид, или на различно ниво од онаа која несомнено би произлегла доколку заканите би се материјализирале. Доказите покажуваат дека вторава кризна состојба сè уште не може да се каже дека е блиска. Мора да се признае дека со оглед дека нападите најверојатно би се случиле без предупредување, може да не е можно да се идентификува фазата кога за нив ќе може да се каже дека се блиску. Ова е важен фактор и не можам да не го земам во предвид. Но факт е дека фазата кога нацијата мора да се соочи со кризна состојба од таков вид, состојба на можен скорашен напад, сè уште не дошла.“
Лорд Хофман, којшто не се согласувал, прифатил дека имало веродостојни докази за закана од сериозен терористички напад во Обединетото Кралство, но сметал дека нема да се уништат животите на нацијата со оглед дека заканата не била така фундаментална за да претставува закана по „нашите институции на владеење или нашето постоење како граѓанска заедница“. Тој заклучил дека „вистинската закана по животот на нацијата ... не доаѓа од тероризмот туку од закони како овие“.
19. Другите лордови законодавци (лордовите Бингам, Николс, Хоуп, Скот, Карсвел и баронесата Хејл, со лордот Вокер кои не се согласувале) го одбиле изјаснувањето на Владата дека Парламентот и извршната власт, а не судовите биле тие што требале да пресудат која била неопходната реакција за заштита на безбедноста на јавноста. Лордот Бингам го изнесол своето гледиште на следниов начин:
„42. Од оваа анализа следи дека жалителите сметаат дека имаат право да ги повикаат судовите да ги разгледаат, на сразмерна основа, Налогот за дерогација и компатибилноста со Конвенцијата на членот 23[од Законот од 2001 г.], а судовите не се делотворно спречени од никаква доктрина на приклонување да ги испитаат поставените прашања. Исто така следи дека јас не ја прифаќам целата ширина на ова произнесувањето на врховниот обвинител. Јас конкретно не ја прифаќам разликата што се прави меѓу демократските институции и судовите. Секако дека е точно дека судиите во оваа земја не се избираат и дека не одговараат на Парламентот. Исто така е точно ... дека Парламентот, извршната власт и судовите имаат различни функции. Но функцијата на независни судии кои имаат обврска да го толкуваат и применуваат законот е универзално применета како главна одлика на современата демократска држава, камен темелник на самото владеењето на право. Врховниот обвинител во целост има право да инсистира на соодветни ограничувања на судските власти, но тој греши што го стигматизира судското носење одлуки како на некој начин недемократско. Особено е несоодветно во случај како актуелниов во кој Парламентот изречно озакони во членот 6 од Законот од 1998 г. да се смета за незаконски секој акт на државен орган, вклучително и судот кој не е компатибилен со правото од Конвенцијата; бара од судовите (во членот 2) да ја земат во предвид релевантната јуриспруденција на Стразбур; (во членот 3) бара од судовите, колку што е можно, да обезбедат примена на правата од Конвенцијата и додели право на жалба на прашања поврзани со дерогација. Дејствието секако не е да се надвладее суверената законодавна власт на Кралицата во Парламентот со оглед дека доколку примарното законодавство се прогласи за некомпатибилно, валидноста на законодавството не е остварена (член 4(6)) а правниот лек е во рацете на соодветниот министер (член 10), кој одговара пред Парламентот. Законот од 1998 г. на судовите им дава многу конкретен, целосно демократски мандат“.
20. Затоа мнозинството испитало дали режимот на притвор според Делот 4 од Законот од 2001 г. бил сразмерен одговор на кризната состојба и заклучил дека тој се нема рационално осврнато на безбедноста и дека бил несразмерен одговор на таа закана. Тие се потпирале на три главни основи: прво дека шемата за притвор важела само за лица што не биле државјани, а биле осомничени за меѓународен тероризам, а дека не се осврнала на заканата што доаѓала од државјани на Обединетото Кралство кои исто така биле осомничени; второ, дека оставала осомничени меѓународни терористи на слобода да го напуштат Обединетото Кралство и да продолжат со своите опасни активности во странство; трето, дека законот бил изготвен премногу широко за во основа да може да се примени на лица осомничени за вмешаност со меѓународни терористички организации коишто не потпаѓале во опсегот на дерогацијата.
Во однос на првата точка, лордот Бингам нагласил дека наодот на СКЖИП дека терористичката закана не била ограничена на оние што не биле државјани не бил оспорен. Со оглед дека СКЖИП бил одговорен трибунал за утврдување на фактите, неопходно било да се испита основата на нејзиниот наод, но имало докази дека „повеќе од илјада лица од Обединетото Кралство биле оценети, врз основа на разузнавачки информации, дека посетувале кампови за обука во Авганистан во последните пет години“; дека за некои британски државјани се зборувало дека планирале да се вратат од Авганистан во Обединетото Кралство; и дека материјалот од истражувањето на жалителите покажал високо ниво на вмешаност на британски државјани и такви кои на различни начини биле поврзани со Обединетото Кралство во терористичките мрежи. Лордот Бингам продолжува:
„33. ... Јасно е дека членовите 21 и 23 од Законот од 2001 г. не се осврнуваат на заканата што доаѓа од државјаните на Обединетото Кралство со оглед дека тие не предвидуваат таков сертификат и притвор за државјани на Обединетото Кралство. Не е важно дека други членови од Законот од 2001 г. и Законот од 2000 г. важат за државјани на Обединетото Кралство, со оглед дека тие не подложат на дерогација, не подложат на жалба, а и подеднакво важат за странски државјани. Сепак заканата од државјаните на Обединетото Кралство, иако квантитативно помала, не е кажано дека е квалитативно различна од онаа на странските државјани. Исто така јасно е дека членовите 21 и 23 дозволуваат едно лице што добило таков сертификат и е притворено да го напушти Обединетото Кралство и да замине во друга земја која е подготвена да го прими, како и што сториле две лица кои заминале за Мароко и Франција... Таквата слобода да заминат е во целост разбирлива во контекст на контролата на имиграцијата: доколку британските власти сакаат да депортираат странски државјанин, но не можат да го депортираат во земјата ‘А’ заради Чахал, нивната цел е подеднакво постигната со неговото доброволно заминување во земјата ‘Б’. Но да се дозволи на осомничен меѓународен терорист да замине од кај нас во друга земја, во земја блиска како Франција, за таму да продолжи со остварување на своите криминални планови, тешко дека може да се помирам со верувањето во неговиот капацитет да нанесе сериозни повреди на луѓе и интереси во таа земја. ...
35. Петтиот чекор во аргументот на жалителите дозволува мало елаборирање. Но се чини дека е разумно да се претпостави дека оние што се осомничени како меѓународни терористи, а кои се државјани на Обединетото Кралство не се едноставно игнорирани од властите. Кога [петтиот жалител] бил ослободен од затвор од СКЖИП со кауција ..., тоа било под услов (меѓу другите работи) цело време да носи електронска алка за следење; цело време да е во својот дом; да телефонира на посочена безбедносна компанија пет пати дневно во одредени времиња; да дозволи компанијата да инсталира опрема за мониторинг во неговиот дом; да го ограничи влезот во неговиот дом на своето семејство, адвокат, медицински персонал и други одобрени лица; да не стапува во контакт со ниедно друго лице; во својот дом да нема компјутерска опрема, мобилен телефон или други електронски уреди за комуникација; да ја откаже постоечката телефонска врска во својот стан; и да инсталира ограничена телефонска врска која дозволува контакт само со безбедносната компанија. Жалителите сугерираа дека условите од овој вид, доколку строго применувани, делотворно би попречиле терористичка активност. Тешко е да се види зошто ова не би било така.
36. Во апелирањето за суштинската важност на правото на личната слобода, како шестиот чекор во нивниот аргумент за сразмерност, жалителите можеле да се повикаат на долгата слободарска традиција на англиското право што датира уште од главата 39 од Магна Карта од 1215, со дејствие во стариот правен лек на habeas corpus, деклариран во Петицијата за правото од 1628 г., потврден во серија одлуки кои служеле како репер низ вековите и отелотворен во правната суштина и постапки до ден денешен. ... Во својот третман на член 5 од Европската конвенција, Европскиот суд исто така ја признава примарната важност на личната слобода. ...
43. Оспорувањето на сразмерноста од страна на жалителите на Налогот и членот 23, според мене, е цврсто, заради сите причини што тие ги посочуваат и исто така заради оние дадени од Европскиот комесар за човекови права и Њутоновиот комитетот. Врховниот обвинител не можеше да даде убедлив одговор.“
21. Покрај тоа мнозинството сметаа дека Законот од 2001 г. бил дискриминирачки и недоследен на членот 14 од Конвенцијата, од кој нема никакво отстапување. Жалителите беа во ситуација која може да се спореди со онаа на државјаните на Обединетото Кралство осомничени дека се меѓународни терористи, со кои ја споделувале одликата дека не можеле да бидат отстранети од Обединетото Кралство и биле сметани за закана по националната безбедност. Со оглед дека шемата за притвор била насочена пред сè кон заштита на Обединетото Кралство од терористички напади, а не имиграциска контрола, немаше објективна причина да се третираат жалителите поинаку по основ на нивното државјанство или имиграциски статус.
22. Иако жалбата на жалителите вклучувала жалби во однос на членовите 3 и 16 од Конвенцијата, Домот на лордовите не сметал дека е неопходно да одлучува по овие жалби со оглед дека утврдил дека дерогацијата била незаконска по други основи.
23. Тој дал налог за укинување на налогот за дерогација, и прогласил во согласност со членот 4 од Законот за човекови права (види го параграфот 94 долу) дека членот 23 од Законот од 2001 г. бил некомпатибилен со членовите 5 § 1 и 14 од Конвенцијата што се однесува на тоа дека бил несразмерен и дозволувал дискриминаторски притвор на осомничените меѓународни терористи.
В. Постапка за издавање на сертификатот: „генеричката“ пресуда и жалби
24. Во меѓувреме расправата на СКЖИП по индивидуалните жалби против сертификатите започнала во мај 2003 г. откако Апелациониот суд донел пресуда во врска со постапките за дерогација, но пред горенаведената пресуда на Домот на лордовите.
25. За потребите на секоја жалба до СКЖИП, државниот секретар поднесувал „отворен извештај“ кој ги сумирал фактите поврзани со одлуката за издавање на сертификат на секој од жалителите како и толку докази што оделе во прилог колку што државниот секретар сметал дека можеле да бидат обелоденети без да се наметне некаков ризик во однос на националната безбедност. Дополнително „запечатено“ презентирање на факти и докази исто така било изнесено пред СКЖИП за секој случај.
26. На 29 октомври 2003 г. СКЖИП издала „генеричка“ пресуда во која посочила низа наоди за општа примена во однос на сите жалби против сертификатите.
Што се однесува до прелиминарните прашања утврдила, меѓу другото, дека имала јуриздикција да сослуша жалба против сертификатот дури и кога лицето што добило таков документ го напуштило Обединетото Кралство, а сертификатот бил укинат. Таа одлучила дека тестовите дали постоел разумен основ за сомнеж дека едно лице било „терорист“ и за верувањето дека неговото присуство во Обединетото Кралство претставувало ризик по националната безбедност, во рамките на значењето на членот 21 од Законот од 2001 г., „некако не бил доволен доказ дури ни за билансот на веројатности“. Понатаму одлучила дека „разумен основ би можел да се заснова врз материјал кој не би бил допуштен во нормално судење во суд, како што се докази од допрен глас од неидентификуван доушник“. Тежината што требала да се даде на секое конкретно парче доказ била предмет на разгледување во контекст на сите докази разгледани во целина. Информациите коишто можеби биле добиени со мачење не требало да се исклучат автоматски туку судот требало да ги земе во предвид сите докази за начинот на кој биле стекнати или да ја оценат нивната тежина и веродостојност соодветно на тоа.
СКЖИП одлучила дека одредбите за притвор во Законот од 2001 треба да се толкуваат во контекст на условите на дерогацијата. Заканата по животот на нацијата не била ограничена на активностите во рамките на Обединетото Кралство, бидејќи животот на нацијата ги вклучувал и нејзините дипломатски, културни и туристички активности во странство. Исто така нападите врз сојузниците на Обединетото Кралство можеле да создадат ризик по Обединетото Кралство со оглед на меѓусебната зависност на земјите соочени со глобална терористичка закана. Дерогацијата ја идентификувала заканата како нешто што произлегува од Ал Каеда и нејзините соработници. Затоа било неопходно, во однос и на „националната безбедност“ и на „меѓународниот терорист“ од членот 21 од Законот од 2001 г., да се покаже разумен основ за сомнеж дека лицето што добило сертификат да биде дел од група која била поврзана, директно или индиректно со Ал Каеда. Дури и ако главниот фокус на групата во прашање била националната борба, доколку ја поддржува Ал Каеда во дел од нејзината агенда, а лицето ја подржувало групата, легитимно можело да се заклучи дека тој ја поддржувал и помагал Ал Каеда.
СКЖИП исто така утврдила низа наоди на факти од општа примена во врска со организации за кои државниот секретар тврдел дека се поврзани со Ал Каеда. Овие наоди биле засновани како на „отворен“ така и на „запечатен“ материјал. Оттука одлучила, на пример дека ГСПЦ или Салафистичка група за проповедање и борба која била формирана во Алжир во 1998 г. била меѓународна терористичка организација поврзана со Ал Каеда преку обука и финансии, но дека една постара алжирска организација, Вооружената Исламска Група (ГИА) не била.
Египетскиот Исламски Џихад (ЕИЈ) бил или дел од Ал Каеда или многу тесно поврзан со неа.
Чеченските Арапски Муџахедини била меѓународна терористичка група со анти-западна агенда која одела подалеку од борбата за чеченската независност со тесни врски со Ал Каеда. СКЖИП исто така ги идентификуваше дека потпаѓаат под условите на дерогацијата една група од пред сè алжирски екстремисти концентрирани околу Абу Доха, Алжирец којшто живеел во Обединетото Кралство од некаде 1999 год. Се тврдело дека Абу Доха имал висока позиција во камповите за обука во Авганистан и имал многу контакти со Ал Каеда вклучително и врски со Франкфуртската ќелија која беше обвинета за заговор за бомбашки напад на Божиќниот пазар во Стразбур во декември 2000 година. Абу Доха бил уапсен во февруари 2001 г. по барањето за екстрадиција од страна на Соединетите Американски Држави но неговата група продолжила да биде активна.
27. Жалителите се жалеле против одлуката на СКЖИП дека доказите кои можеби биле добиени со мачење биле допуштени. За потребите на жалбата, странките се согласиле дека постапките пред СКЖИП за оспорување на сертификатот потпаѓале под членот 5 § 4 од Конвенцијата и како такви морале да ги задоволат основните услови за правично судење. Затоа не било неопходно да се одлучи дали членот 6 исто така важел и прашањето било оставено отворено.
На 11 август 2004 г. Апелациониот суд со мнозинство гласови, ја потврдил одлуката на СКЖИП ([2004] EWCA Civ 1123).
На 8 декември 2005 г. Домот на лордови едногласно усвоил одлука дека доказите од осомничен или сведок кои биле добиени со мачење одамна биле сметани за суштински неверодостојни, неправични, навредливи за вообичаените стандарди на човечност и пристојност и некомпатибилни со принципите врз основа на кои судовите треба да ја применуваат правдата. Следеше дека таквите докази може да не се примат на законски начин против странка во постапка во суд во Обединетото Кралство, без разлика каде, од кого и по чие овластување мачењето било извршено. Со оглед дека лицето што го оспорува сертификатот имало само ограничен пристап до материјалот доставен против него во постапките пред СКЖИП, од него не можело да се очекува да стори нешто повеќе отколку да поднесе разумна причина дека материјалот можеби бил добиен на таков начин и тогаш СКЖИП требала да иницира релевантни истражни активности. Домот на лордовите затоа ги дозволил жалбите на жалителите и ги проследил сите случаи на СКЖИП за повторно разгледување ([2005] UKHL 71).
28. Заклучоците на СКЖИП што се однесуваат на случаите на секој од жалителите се дадени во параграфите 29-69 долу. Од шеснаесет лица, вклучително единаесетте жалители, притворени според Делот 4 од Законот од 2001 г., на еден сертификатот му бил укинат од СКЖИП.
Г. Постапки за издавање на сертификат: поединечни одлуки
1. Првиот жалител
29. Првиот жалител е роден во палестински бегалски камп во Јордан, и бил без државјанство со доделена неограничена дозвола за престој во Обединетото Кралство во 1997 година. На 17 декември 2001 првиот жалител добил сертификат со кој бил прогласен од државниот секретар за осомничен терорист согласно членот 21 од Законот од 2001 г. На 18 декември 2001 г. налог за депортирање бил изготвен врз истиот основ.
30. Првиот жалител бил притворен на 19 декември 2001 г. Тој последователно се жалел до СКЖИП против службениот документ и одлуката за изготвување на налогот за депортирање. На 24 јули 2002 година бил префрлен во Бродмур затворената ментална болница.
31. Првиот жалител и неговите претставници го добиле „отворениот“ материјал на државниот секретар, вклучително и полициски извештај кој покажувал дека големи суми на пари се движеле преку четирите банкарски сметки на негово име. СКЖИП и специјалниот застапник со насоки во име на првиот жалител дополнително биле запознаени со „запечатените“ докази. Првиот жалител дал усни докази пред СКЖИП со помош на толкувач и повикал еден сведок да посведочи за неговиот добар карактер. Тој исто така поднел четири медицински извештаи за неговото ментално здравје. СКЖИП забележала во својата пресуда од 29 октомври 2003 г.:
„Ние всушност сме свесни дека отворениот материјал на кој се потпираме против жалителот е многу општ и дека предметот зависи главно од аргументи кои во голема мерка не се поддржани. Главниот аргумент е дека тој бил инволвиран во собирање на финансиски средства и дистрибуција на тие средства за терористички групи со врски со Ал Каеда. Исто така се вели дека тој набавувал фалсификувани документи и помогнал во префрлањето на доброволци на џихад во кампови за обука во Авганистан. За него се вели дека е тесно поврзан со високо позиционирани екстремисти и соработници на Осама Бин Ладен како во Обединетото Кралство така и во странство. Во своето презентирање на случајот тој тврди дека тој се занимава и исклучиво се занимавал со проекти за социјална помош, пред сè училиште во Авганистан за деца на говорители на арапскиот јазик и проекти како што е изградба на бунари и обезбедување на храна за заедниците во Авганистан. Тој исто така собирал пари за бегалците од Чеченија. Секаков контакт со т.н. екстремисти бил во тој контекст и тој немал никаква причина да верува дека биле терористи или заинтересирани за тероризам.
Ние сме свесни за вистинските проблеми што жалителот ги има во подготовката на својата жалба. Ние обезбедивме соодветни олеснувања заради овие тешкотии и неговите ментални проблеми. Ние ја земаме во предвид загриженоста [на неговиот адвокат] дека имало големо и претерано симплифицирање од страна на безбедносната служба на состојбата која, тој изјави, е крајно сложена и тенденцијата да се претпостави дека секој религиозен Муслиман кој верува дека начинот на живеење што се практикува од Талибанот во Авганистан е вистинскиот начин што треба да се следи мора да е сомнителен. Ние исто така зедовме во предвид дека првично тужената страна тврдела дека сите активности на собирање на финансиски средства од страна на жалителот биле наменети за помагање на тероризам и дека само откако биле поднесени докази од жалителот за да се покаже дека имало легитимни добротворни цели таа прифатила дека барем некои од парите биле собрани за тие цели. Што се однесува до врските со именувани поединци ние имаме на ум дека некои од нив, кои наводно биле инволвирани во терористички активности, имаат поднесено жалби кои се во тек ... и дека тврдењата против другите сè уште не се тестирани ниту пак наводните врски можат да се објаснат.
...
[Адвокатот на првиот жалител] ја прифати, бидејќи морал, неверодостојноста на доказите на жалителот за неговите движења во деведесеттите години од дваесеттиот век, но побара од нас тоа да не го користиме на негова штета заради неговата ментална состојба. Не прифаќаме дека можеме да го сториме тоа. Лагите биле намерен обид за отфрлање на тврдењата дека тој бил муџахедин во Авганистан, тврдејќи дека поминал три години во затвор во Јордан. Имаше и претерување во изјавата на полицијата за износот на пари што одел преку неговата банкарска сметка. Ова го прифаќаме но сè уште имало значителна сума на пари која се движела преку нив. А [адвокатот на жалителот] се изјасни дека тврдењето било дека обезбедувал лажни документи за други, а не за себе. Оттука неговиот лажен ирачки пасош не бил материјален. Тоа меѓутоа покажува способност да набави фалсификуван пасош. [Адвокатот на жалителот] ја нападнал веродостојноста на разузнавачките информации кои се користеле против жалителот затоа што дури подоцна било прифатено дека бил инволвиран во вистинска добротворна работа и дека дел од парите кои оделе преку неговата сметка и собрани од него биле за таква цел. Ние ја согледуваме опасноста дека сите активности од некој кој е под сомнеж можат да се сметаат и самите како сомнителни и дека може да нема правично разгледување на сите материјали за да се види дали тие навистина го поткрепуваат сомнежот. Ние исто така ги разгледавме сите материјали, особено доверливите, имајќи ја на ум таа опасност.
Како што рековме, отворените докази земени изолирано не можат да обезбедат причини зошто ја отфрламе оваа жалба и ние се сочувствуваме со загриженоста на [адвокатот на жалителот] дека имал крајно тешка задача. Ние не бевме импресионирани од жалителот како сведок, и покрај сите олеснувања заради неговата ментална состојба и проблемите со кои беше соочен. Честопати избегнуваше да договори и беше нејасен и призна дека лажел во врска со своите движења во деведесеттите години. Неговите објаснувања за некои од трансакциите забележани на неговите банкарски сметки беа тешки да се следат или прифатат. Треба да споменеме дека не сметаме дека предметот на тужениот бил битно подобрен со она што било кажано за вмешаноста на жалителот во Алжир или Чеченија; предметот во основа зависи од доказите за активностите на жалителот со Авганистан и со терористите за кои се знаело дека имаат врски со Ал Каеда.
Јасно е дека жалителот бил многу успешен во собирањето финансиски средства и што е поважно дека можел да ги однесе парите во Авганистан. Без разлика на неговите проблеми тој можел и му верувале дека може да обезбеди ефикасна услуга. Неговите објаснувања за оние што биле познати терористи чии деца оделе во училиштето и за различните позначајни исплати прикажани на банкарските сметки се незадоволителни. Тој бил нејасен на местата каде, со оглед на тврдењата против него, би очекувале повеќе детали.
...
Ние на критичен начин ги разгледавме сите докази. Запечатените материјали го потврдија нашето гледиште дека сертификатот што бил издаден во овој случај бил соодветен. Имало и разумно верување дека присуството на жалителот во Обединетото Кралство претставува ризик по националната безбедност и разумен сомнеж дека тој е терорист во рамките на значењето на членот 21 од Законот од 2001 г. Соодветно на тоа жалбата се отфрла.
32. Во согласност со условите од Законот од 2001 г. случајот на првиот жалител бил разгледан од СКЖИП шест месеци подоцна. Во својата пресуда од 2 јули 2004 г. СКЖИП утврдила дека:
„Ажурираниот отворен генерички материјал ... и понатаму покажува дека има директна терористичка закана по Обединетото Кралство од група или групи на главно северно-африкански исламски екстремисти поврзани на различни начини со Ал Каеда.
Иако некои од неговите контакти се притворени, опсегот на екстремисти кои високо котираат во различни групи е таков што тој не би имал никакви тешкотии, а има волја и способност, да им го стави на располагање своето богато искуство и логистичка поддршка во остварувањето на агендата на екстремните исламисти во Обединетото Кралство. Сертификатот е соодветно издржан.“
33. СКЖИП повторно го разгледала случајот на 15 декември 2004 г. и повторно утврдила дека сертификатот требало да се задржи.
2. Вториот жалител
34. Вториот жалител е државјанин на Мароко роден на 28 февруари 1963 г. Тој влегол во Обединетото Кралство како посетител во 1985 г. и добил дозвола да остане како студент. На 21 јуни 1988 г. добил неограничена дозвола да остане врз основа на неговиот брак со британска државјанка, чиј брак после некое време се распаднал. Во 1990 г. и повторно во 1997 г. аплицирал за натурализација но немало одлука во однос на тие барања. Во 2000 г. повторно се оженил за друга британска државјанка со која има дете.
35. На 17 декември 2001 на вториот жалител му бил издаден сертификат со кој бил прогласен од државниот секретар за осомничен меѓународен терорист согласно членот 21 од Законот од 2001 г. Налог за депортирање бил изготвен истиот ден. Вториот жалител бил притворен на 19 декември 2001 г. Тој се жалел против сертификатот и налогот за депортирање но и покрај тоа избрал да го напушти Обединетото Кралство и да замине за Мароко на 22 декември 2001 г. Тој продолжил со своите жалби од Мароко.
36. СКЖИП во својата пресуда од 29 октомври 2003 г. го резимирал „отворениот“ случај против вториот жалител на следниов начин:
„(1) тој има врски со ГИА и со ГСПЦ [Алжирски терористички групи: види во параграф 26 горе] и е близок соработник со повеќе исламски екстремисти со врски со Ал Каеда и/или Бин Ладен.
(2) тој бил вмешан во подготовка и/или поттикнување на меѓународни терористички акти со обезбедување на високо-техничка опрема (вклучително опрема за комуникација) за ГСПЦ и/или исламски екстремисти во Чеченија водени од Ибн Катаб и исто така има набавувано облека за вторава група.
(3) тој има поддржувано и една или повеќе фракциите на ГИА, ГСПЦ и Ибн Катаб во Чеченија со неговото инволвирање во измама извршена за да се овозможи финансирање на екстремисти како и чување и ракување со пропагандни видео материјали за промоција на џихадот.
Отворениот случај на државниот секретар ги опишува овие тврдења и дополнително посочува употреба на најмалку еден псевдоним и шема на соработки со лица познати или оценети дека се инволвирани во тероризам [биле идентификувани петмина]. Сите тие биле опишани од [адвокатот за државниот секретар] како ‘познати алжирски исламски екстремисти’.
Сведокот Б [за државниот секретар] потврдил дека тврдењето против [вториот жалител] е дека тој е член на мрежа, а не толку на некоја конкретна организација како што се ГСПЦ или ГИА“.
СКЖИП продолжува со опишување на наодите што ги имала против жалителот:
„Како и другите жалители [вториот жалител] во овие постапки не е обвинет за серија на поединечни дела. Прашањето е дали земајќи ги во предвид доказите како целина, разумно е да се осомничи за меѓународен терорист (според дефиницијата). Кога го разгледуваме материјалот што се пред нас, како и што сторивме, ги третираме кумулативно. Можеби материјалот што се однесува исклучиво на измамата или на облеката, или на видео материјалите, или на соработките, сам по себе не би покажал дека лицето на некој начин е вмешано во тероризам или дека го поддржува. Но мораме да ја оцениме ситуацијата кога се утврдуваат различни фактори комбинирани во истото лице. Овие фактори се следниве. Најпрво е неговата вмешаност во дела на измама за кои мора да е свесен но за кои тој не се обидува да даде некакво објаснување, оправдувајќи се наводно по основ дека не бил свесен кое конкретно дело или дела државниот секретар ги имал на ум. Второ, тој бил инволвиран во подигање на свеста (како и собирање на пари) за борбата во Чеченија, и го правел тоа во конкретен исламски (а не чисто хуманитарен) контекст, користејќи и дистрибуирајќи филмови кои според доказите што ги имаме пред нас обично можат да се најдат кај екстремистичките заедници. Во генеричките докази имаше такви за Чеченските Арапски Муџахедини и значителната поддршка за нив, што ние сметаме била давана целосно свесно за пошироката џихадистичка агенда. ... Тоа го направил како близок соработник на Абу Доха. Имајќи ги на ум информациите кои ги имаме за Абу Даху во кои, како што кажавме, немаме никаква причина да се сомневаме, го сметаме тврдењето [на вториот жалител] дека Абу Доха не правел ништо нелегално (освен дека ги криел своите активности од Русите) како апсолутно неверојатни. ... [Тој] бил поврзан со повеќе други лица инволвирани во тероризам. Тие во поголемиот дел се посочени по име во отворениот случај но не се споменати во неговата сопствена изјава. ...
Постојат пет одлики кои ги поседува [вториот жалител]. Нема сомнеж дека државниот секретар можел да го формира својот предмет со демонстрирање на различни комбинации на истите во едно лице. Со сите пет, ние сметаме дека случајот е убедлив. Ние во целост сме уверени дека државниот секретар е разумен во својот сомнеж дека [вториот жалител] ги поддржувал или помагал ГИА, ГСПЦ и лабавата група околу Абу Доха и во неговата убеденост дека во секој пат кога [вториот жалител] е во Обединетото Кралство претставува ризик по националната безбедност.“
3. Третиот жалител
37. Третиот жалител е со туниско државјанство, роден во 1963 г. и е жител на Обединетото Кралство од некаде 1994 г. Државниот секретар му издал сертификат на 18 декември 2001 г. и бил притворен следниот ден.
38. Во својата пресуда од 29 октомври 2003 г. во која ја отфрла жалбата на жалителот против сертификатот СКЖИП забележува:
„Случајот против жалителот, како што е формулиран во отворениот материјал, е дека тој е клучен член на екстремна исламска група позната како Туниската Борбена Група (ТФГ). Се вели дека оваа група била формирана во текот на 2000 г. и потекнувала од Тунискиот Исламски Фронт (познат како ФИТ бидејќи името е на француски). Нивната крајна цел се вели дека е воспоставување на Исламска Држава во Тунис. Понатаму се тврди дека жалителот бил во редовен контакт со низа познати екстремисти, вклучително и некои кои биле инволвирани во терористички активности или планирање. И ФИТ и ТФГ се вели дека имаат врски со Ал Каеда.
Отворениот материјал изнесен против жалителот не е воопшто силен. Доказите против него главно се во запечатениот материјал. Ова значеше дека навистина бил во незавидна положба во случајот бидејќи не знаел за кои лица се тврдело дека со нив бил наводно во контакт.
...
Во својата изјава жалителот вели дека тој никогаш не чул за ТФГ и секако не е нејзин член. ... Кај нас не постои сомнеж дека ТФГ постои ... [и] исто така дека има врски со Ал Каеда. Нашите причини за ваквиот заклучок мора да се дадат во запечатената пресуда.
Во мај 1998 г. жалителот и уште десетмина други беа уапсени во заедничка операција на Специјалниот огранок и Безбедносната служба во согласност со налозите во согласност со Законот за спречување тероризам. Жалителот беше ослободен без обвинение и со време добил надоместок од 18,500 £ за незаконско апсење. Апсењата беа во врска со тврдењата за вмешаност во заговор за напад за време на Светскиот куп во Франција. Ние секако обрнавме внимание на отсуството на допуштени докази во поткрепа на вмешаноста на жалителот во наводниот заговор, но тоа не е и не може да биде одговор на оваа жалба. Ние мора да ги земеме во предвид сите материјали за да видиме дали постои разумен основ да се верува или сомнеж од типот што е посочен во членот 21(а) или (б) од Законот од 2001 г.
...
Ние сме уверени дека жалителот е член на ТФГ, меѓународна терористичка организација во рамките на опсегот на Законот од 2001 г. и дека има врски со меѓународна терористичка група. Ние знаеме дека нашите отворени причини да бидеме толку уверени се мали. Тоа е затоа што материјалот по кој се водиме за да дојдеме до таков заклучок е главно запечатен. Ние внимателно го разгледавме и во контекст дека сме запознаени со фактот дека жалителот отфрла секаква вмешаност во тероризам или каква и да е свесна поддршка или помош за терористи. Затоа бевме внимателни да се потпреме исклучиво врз материјал кој според нашето судење не може да има невино објаснување.
39. СКЖИП дошла до сличен заклучок во своите периодични разгледувања на случајот на 2 јули и 15 декември 2004 г.
4. Четвртиот жалител
40. Четвртиот жалител е роден во Алжир во 1971 г., а за првпат влегол во Обединетото Кралство во 1994 г. Во мај 1997 г. бил уапсен и обвинет за повеќе дела, вклучително и заговор за извоз за Алжир на материјал за кој се тврдело дека ќе се употребел за терористички цели. Се тврдело дека бил член на ГИА. Случајот против жалителот бил повлечен во мај 2000 г. кога клучниот сведок, агент на Безбедносната служба, кој требало да даде докази во врска со потребата цивили да се бранат себеси од ѕверства наводно сторени од алжирската Влада одлучил дека е премногу опасно за него да сведочи.
41. Во 1998 г. четвртиот жалител се оженил за француска државјанка. Во мај 2001 г. станал француски државјанин иако за ова не ги информирал властите во Обединетото Кралство. Безбедносната служба согласно членот 21 од Законот од 2001 г. му издал сертификат на 17 декември 2001 г., а на 19 декември 2001 г. бил притворен. На 13 март 2002 г. заминал за Франција каде што при пристигнувањето бил интервјуиран од безбедносните служби и потоа бил ослободен. Откако го напуштил Обединетото Кралство сертификатот против него бил повлечен, и тоа со постар датум од 22 март 2002 г.
42.Во пресудата од 29 октомври 2003 г. СКЖИП одлучила дека ставањето на постар датум на повлекувањето значело дека четвртиот жалител не можел да се смета дека добил сертификат во времето кога ја поднел својата жалба и затоа немал право на жалба. Сепак одлучила да ја разгледа жалбата по основ дека ваквиот заклучок можел да е погрешен. Со оглед дека државниот секретар не можел разумно да знае во времето кога било издаден сертификатот дека жалителот бил француски државјанин и дека безбедно можел да биде отстранет во Франција, по тој основ не може да се каже дека не требало да му се издаде сертификатот. СКЖИП затоа продолжила со проценка на доказите против него:
„Во донесувањето на одлука ќе мора да ги земеме во предвид не само отворениот туку и запечатениот материјал. Жалителот се чини дека се сомневал дека бил предмет на надзор во поголемиот дел од релевантниот период.
Ние сме свесни за потребата да се биде многу внимателен и да не се претпостави дека е виновен заради познанство. Мора да постои повеќе од пријателство или другарување со оние за кои се верува дека е вмешан во меѓународен тероризам за да се оправда разумен сомнеж дека и самиот жалител е инволвиран во такви активности или во најмала рака свесно ги поддржувал или им помагал. Ние го имаме на ум она што го загрижува [неговиот адвокат] дека она што се случило овде претставува обид за оживување на обвинението без ништо да се додаде од неговите активности од тогаш. Притворот мора да се смета како последна опција и затоа не може да се оправда врз основ на познанство и во секој случај вината на познаниците никогаш не била утврдена. ...
Во секој случај, континуирано дружење со оние коишто се осомничени дека се вмешани во меѓународен тероризам со врски со Ал Каеда во контекст на разумниот сомнеж дека и самиот жалител бил активно инволвиран во терористичките активности на ГИА е прашање кое не може соодветно да се разгледа ГСПЦ, којашто се издвои од ГИА има врски со Ал Каеда, а жалителот продолжил да контактира со оние што се приклониле кон ГСПЦ, а не толку со ГИА. Ние всушност сме уверени дека не само што жалителот на почетокот бил активно инволвиран со ГИА, а потоа со ГСПЦ туку исто така дека тој обезбедил фалсификувани документи за нивни членови и за Муџахедините во Чеченија како што се тврди во отворената изјава. Но ние прифаќаме дека неговите активности во 2000 и 2001 г. ја оправдуваат употребата на изразот дека тој бил притаен и оваа забелешка ја правиме врз основа и на отворениот и на запечатениот материјал. Меѓутоа притаениот профил не значи дека е погрешно тој да се смета за меѓународен терорист во рамките на значењето на членот 21. Мора да се оцени дека што тој може да направи врз основа на тоа што има сторено до сега, и фактот дека покажал волја и способност да помогне и подржи во минатото и продолжува со контактите и со помошта што ја дава (на пр. користење на неговото комбе) е многу релевантно.
Ние овој аспект на случајот на жалителот не го сметавме дека е лесен. Се што беше изнесено [од неговиот адвокат], а што толку убедливо беше презентирано пред нас темелно го разгледавме, но на крајот го усвоивме гледиштето дека ако се разгледаат доказите во целина одлуката за издавање сертификат не била погрешна. Соодветно на тоа не би дозволиле жалба по тие факти.“
5. Петтиот жалител
43. Петтиот жалител е роден во Алжир во 1969 г. Во својата изјава до СКЖИП тврдел дека како дете развил полио кое го оставил со трајно слаба и парализирана десна нога. Во 1991 г. бил уапсен и мачен од алжирските власти по што го напуштил Алжир и заминал за Саудиска Арабија. Во 1992 г. се преселил за Пакистан и патувал за Авганистан во неколку прилики. Во август 1995 г. влегол во Обединетото Кралство и барал азил,а во рамките на тоа барање тврдел дека ногата му била повредена од граната во Авганистан во 1994 г. Неговото барање за азил било одбиено, а неговата жалба по одбивањето била отфрлена во декември 1999 г. Жалителот се оженил за француска државјанка и со неа добил дете.
44. Државниот секретар му издал сертификат во согласност со членот 21 од законот од 2001 г. на 17 декември 2001 г. и го притворил на 19 декември 2001 г. Во својата пресуда од 29 октомври 2003 г. во која ја отфрла жалбата на петтиот жалител против сертификатот, СКЖИП забележува:
„Отворените изјави што се дадени за да го оправдаат сертификатот главно не се однесуваат на изворен материјал и оттука главно се состојат од тврдења. Како и повеќето од овие жалби главниот дел од доказите се наоѓаат во запечатениот материјал и, како и што сме сосема свесни, жалителите се во полоша позиција со оглед дека немаат можност да се справат со она што може да се земе како инкриминирачки докази. Специјалните застапници можеа да оспорат одредени прашања и понекогаш со добар исход. Таков беше и случајот во врска со кампот во Дорсет каде што биле неколкумина од нив, вклучувајќи го и жалителот, за кои била заинтересирана Безбедносната служба. ...
Случајот против жалителот за базира на тоа дека тој бил член на ГИА и на ГСЦП по отцепувањето од ГИА. Тој е поврзан со низа водечки екстремисти од кои некои исто така членови или поврзани со ГСЦП, и има обезбедено активна поддршка во форма на обезбедување на фалсификувани документи и помагање на млади Муслимани од Обединетото Кралство да отпатуваат за Авганистан за да бидат обучени за Џихад. Се смета дека играл важна улога во активностите за поддршка преземени во име на ГСЦП и други исламски екстремисти во Обединетото Кралство и надвор од него. Сето ова жалителот го негира и во неговата изјава дава невини објаснувања за контактите кои се посочуваат против него. Тој навистина се дружел, особено со други Алжирци во Обединетото Кралство, а што се однесува до [четвртиот жалител] семејствата им биле блиски бидејќи покрај другите нешта, нивните сопруги биле Французинки. Тој ја посетувал џамијата [на осмиот жалител]. Тој бил импресивен проповедник и жалителот вели дека го слушал но никогаш не контактирал со него. Реално не го познавал [осмиот жалител] освен преку помошта за Чеченија која жалителот и многу други Муслимани ја поддржувале, и никогаш не разговарал со него по телефон. Во неколку прилики му пристапил [на осмиот жалител] за време на петочните молитви во џамијата доколку имал потреба од совет во врска со некој социјален проблем.“
СКЖИП упатила на „отворените“ извештаи од следењето кои покажувале дека жалителот бил во контакт со некои други наводни членови на ГИА и ГСПЦ, вклучувајќи и во кампот во Дорсет во јули 1999 г. Другите „отворени“ докази се однесувале на неговите одговори при интервјуто спроведено од службениците на Безбедносната служба во јули и септември 2001 г. кои „не биле од помош“ и „воопшто не биле искрени“. СКЖИП продолжува:
„Ова се базира на различни написи пронајдени во неговиот дом кога бил уапсен. Тие вклучувале и копија на фетва издадена од Осама Бин Ладен. Жалителот вели дека никогаш ја нема видено и не можел да објасни од каде таа таму. Соопштението на ГСПЦ, тој вели, најверојатно му било дадено во џамијата. Анализата на хард драјвот на неговиот компјутер покажала дека посетувал интернет страници специјализирани за американска воена технологија. Ова не било нешто што би можело да биде релевантно за студиите на жалителот. И рачно нацртан дијаграм на ракетен проектил кој не го има видено претходно. Тој мисли дека можеби бил во некоја од книгите за Ислам кој ги купил на старо во џамијата.
Ние ги зедовме во предвид негирањата но мораме да ги имаме на ум сите докази. Како и што ќе биде јасно од пресудата имаме причина да се сомневаме во тврдењата на жалителот. Но запечатениот материјал го потврдува нашето гледиште дека навистина постоел разумен сомнеж дека жалителот е меѓународен терорист во рамките на значењето во членот 21 и разумно верување дека неговото присуство во Обединетото Кралство претставува ризик по националната безбедност. Не се сомневаме дека бил вмешан во обезбедувањето на фалсификувани документи, помагањето на младите Муслимани да отпатуваат за Авганистан за да се обучуваат за џихад и дека активно им помагал на терористи кои имале врски со Ал Каеда. Исто така сме уверени дека тој активно и помагал на ГСПЦ. Не се двоумиме во отфрлањето на неговата жалба.“
45. На 22 април 2004 г. заради загриженост околу неговото здравје, петтиот жалител бил ослободен од затвор со кауција под строги услови кои вклучувале домашен притвор со дополнителна контрола. Во својата ревидирана пресуда од 2 јули 2004 СКЖИП одлучила:
„... при доделувањето на кауција [СКЖИП] не го ревидираше своето гледиште што се однесува до јачината на основот за да се верува дека тој бил меѓународен терорист и закана по националната безбедност. Заканата може да биде менаџирана сразмерно во неговиот случај со оглед на неговата сериозна ментална болест. Меѓутоа тоа не е причина да се укине сертификатот. Може да постојат околности во кои тој ги прекршува условите на својата кауција или од други причини имало потреба да се укине. Потребата за сертификатот да продолжи да важи мора да зависи од тоа дали условите од законот и од дерогацијата и понатаму се исполнети.
Низа од неговите контакти и понатаму се на слобода вклучувајќи и некои кои се сметаат за активно вмешани во терористичко планирање. Нема ништо што би сугерирало дека неговата ментална болест ја намалила неговата предаденост на екстремистичката исламска кауза; тој има искуство и капацитет повторно да се вклучи во екстремистичка активност. Ограничувањата на кауцијата се суштински; тие се наметнати во согласност со сертификатот што му бил издаден и отфрлањето на неговата жалба по истиот од страна на СКЖИП. Сертификатот правилно е задржан.“
46. СКЖИП повторно го разгледал случајот на 15 декември 2004 г. и повторно утврдил дека сертификатот треба да се задржи.
6. Шестиот жалител
47.
Шестиот жалител е роден во Алжир во 1967 г. и е жител на Обединетото Кралство од 1989 г.
Државниот секретар издал сертификат против него на 17 декември 2001 г. и тој бил притворен на 19 декември 2001 г.
48. Во својата пресуда од 29 октомври 2003 г. СКЖИП го забележува следново:
„Иако мораме да ја донесеме нашата одлука врз основа и на отворениот и на запечатениот материјал, важно е да се посочи предметот против [шестиот жалител] како што е претставен од државниот секретар во отворениот материјал, бидејќи тој е предметот со кој е запознаен [шестиот жалител] на кој треба да одговори. Во давањето на својата изјава и на другите докази и аргументи поднесени во негово име, ние секогаш се потсетуваме дека тој не е свесен за запечатениот материјал на државниот секретар, но и покрај тоа дека тој не оперира целосно во вакуум заради отворените тврдења; а ние можеме да го тестираме случајот претставен од жалителот на начинот на кој тој се справува со тие тврдења.
Предметот на државниот секретар против [шестиот жалител] е сумиран на следниов начин:
(1) тој и припаѓа и/или е член на ГСПЦ, а претходно бил вмешан во ГИА;
(2) тој ја поддржувал и помагал ГСПЦ (и претходно ГИА) преку својата вмешаност во измама со кредитни картички која е главниот извор на приходи за ГСЦП во Обединетото Кралство ;
(3) од некаде август 2000 г. [шестиот жалител] презел важна улога во набавката на телекомуникациска опрема за ГСПЦ и обезбедување на логистичка поддршка за сателитски телефони по пат на набавка и доделување на време за емитување за тие телефони;
(4) тој исто така играл важна улога и во набавката на телекомуникациска и друга опрема за муџахедините што се борале во Чеченија – односно фракцијата која до 2002 г. била под команда на Ибн Катан.“
СКЖИП потоа ги разгледала отворените докази што ги имала пред себе во врска со набавката од страна на Абу Доха, помогната од шестиот и седмиот жалител, на повеќе сателитски телефони и друга телекомуникациска опрема во вредност од 229.265 британски фунти и природата и опсегот на врската меѓу шестиот и седмиот жалител. Таа заклучила:
„Во околностите што ги поставивме, нам ни се чини дека државниот секретар имал значителен основ за сомнеж дека активностите на набавка [на шестиот жалител] биле насочени кон поддршка на екстремистичка арапска исламска фракција која се бори во Чеченија. Таа поддршка произлегува од поврзаноста и поддршката [на шестиот жалител] на ГСПЦ. Нагласуваме како и во случајот на другите жалби дека збирот на фактори од кои секој ги поткрепува другите, а не толку ги поткопува останатите поенти давајќи боја и контекст на активностите гледани во целина, што ги прави убедливи; би било погрешно да се земе изолирано парче и со тоа да се намали неговата важност и да се пропушти големата слика. Генеричката пресуда ги поддржува овие заклучоци. Ова се активности што потпаѓаат централно во рамките на дерогацијата. [Шестиот жалител] даде само неуверливи негирања и не успеа да понуди уверливи алтернативни објаснувања. Тоа е доволно за да утврди неговата жалба, без да прави дополнителни упатувања на други тврдења од државниот секретар кои, како што е согледано во отворената изјава и во отворениот доказ пред [СКЖИП], може соодветно да се поддржи само со разгледување на запечатениот материјал.“
49. СКЖИП го разгледал случајот на 2 јули 2004 г. и 28 февруари 2005 г., и во обете прилики одлучил дека сè уште имало основ за да се задржи сертификатот.
7. Седмиот жалител
50. Седмиот жалител е роден во Алжир во 1971 г. и наводно влегол во Обединетото Кралство користејќи фалсификувани француски исправи во или пред 1994 г. На 7 декември 2001 г. бил осуден за повеќе сообраќајни прекршоци на четири месеци затвор. Државниот секретар му издал сертификат на 5 февруари 2002 г. и го притворил во согласност со сертификатот веднаш по завршувањето на неговата казна затвор на 9 февруари 2002 г.
51.Во својата пресуда од 29 октомври 2003 г. СКЖИП забележала дека тврдењата проти седмиот жалител биле дека бил член на ГСПЦ од 1997 или 1998 година, а пред тоа бил член на ГИА; дека неговите контакти со водечки членови на ГСЦП во Обединетото Кралство покажале дека бил член од доверба во организацијата; и дека бил вмешан со Абу Доха и шестиот жалител во набавката на телекомуникациска опрема наменета за екстремистите во Чеченија и Алжир. Понатаму забележува дека:
„[Седмиот жалител] не понудил докази пред [СКЖИП] и не избрал да присуствува на расправата по неговата жалба. Неговата изјава, која секако била прочитана, е крајно генеричка, и можеби што не е изненадувачки, изјаснувањата [на неговиот адвокат] како усните така и писмените слично на тоа биле општи. Пристапот [на седмиот жалител] кон актуелнава постапка и фактот дека не поднесол никакви усни докази ниту дал некаква детална писмена изјава не се нешта што треба да се земе против него. Ние добро ја сфаќаме тешкотијата што ја имаат жалителите кога тврдењата против нив се само сумирани и каде голем дел од доказите на кои се засноваат тие тврдења не можат од причини заради националната безбедност да им бидат доставени и на самите жалители. Меѓутоа [седмиот жалител] е во најдобра позиција да знае кои биле неговите активности и мотиви во релевантниот период. Ништо не го спречувало да даде целосен опис и објаснување на тие активности доколку сакал да го стори тоа. Фактот дека тој избрал да не даде никаков детален опис на своите активности значи дека не обезбедил никаков материјал за да се спротивстави на доказите и аргументите на другите“.
СКЖИП заклучила дека отворениот и запечатениот материјал ги поддржале тврдењата против седмиот жалител и ја отфрлила неговата жалба.
52. СКЖИП повторно го разгледала случајот на 2 јули и 15 декември 2004 г. и повторно утврдила дека сертификатот треба да се задржи.
8. Осмиот жалител
53. Осмиот жалител е јордански државјанин роден во Витлеем во 1960 г. Тој пристигнал во Обединетото Кралство на 16 септември 1993 г. и побарал азил. Тој добил статус на бегалец и дозвола да остане до 30 јуни 1998 г. На 8 мај 1998 г. поднел барање за неограничена дозвола да остане, но по молбата не било одлучено во времето кога Законот од 2001 г. стапил на сила.
54. Осмиот жалител би осуден in absentia во Јордан за негова вмешаност во терористички напади таму и за заговор за поставување на бомби кои би коинцидирале со милениумот. Во февруари 2001 г. бил под истрага на анти-терористичката полиција во врска со заговор за бомбашки напад на Божиќниот пазар во Стразбур во декември 2000 г., но не било подигнато обвинение против него. Кога Законот од 2001 г. бил усвоен тој се сокрил. На 23 октомври 2002 г. бил уапсен и веднаш добил сертификат согласно членот 21 и притворен. На истиот ден бил изготвен налог за негово депортирање.
55. Во пресудата од 8 март 2004 г. со која се отфрла жалбата на осмиот жалител против сертификатот, СКЖИП го забележува следново:
„[Адвокатот на осмиот жалител], по добиените инструкции од жалителот не информираше дека неговиот клиент решил да не присуствува на расправата или да учествува на некаков начин. Тој ги прочитал одлуките во врска со жалителите кои добиле сертификати кога Законот од 2001 г. стапил на сила и генеричката пресуда и почувствувал дека резултатот од неговата жалба бил очигледна работа. Имало многу упатувања на неговата улога во другите жалби, а некои добиле сертификат и притворени, барем делумно, врз основа дека тие се дружеле со него. Со оглед дека познанството се сметало за доволно за да се оправда нивниот континуиран притвор, тој заклучил дека одлуката во врска со неговата жалба, реално веќе била донесена. Тој одлучил да не игра никаква улога токму заради тоа што тој немал верба во способноста на системот да ја утврди вистината. Тој сметал дека постапката на СКЖИП намерно била воспоставена за да се избегне отворено и јавно испитување на случајот на тужениот, со што лицата биле лишени од правична шанса да го оспорат случајот против нив.
Велејќи го тоа [адвокатот на осмиот жалител] јасно посочил дека жалбата не е повлечена. Оттука беше соодветно неопходно е да ја разгледаме и да ја земеме во предвид изјавата на жалителот. [Неговиот адвокат] нагласи низа прашања кои, тој сугерираше треба да се сметаат дека се во корист на аргументите на жалителот дека тој не е и никогаш не бил вмешан во тероризам во согласност со формулацијата дадена во Законот од 2001 г. Исто така, тврдењата покажале дека безбедносните служби зазеле извитоперено и претерано симплифицирано гледиште во врска со активностите на жалителот и неговата улога како ценет учител и некој што верува во правата на исламското учење низ светот.
Треба да нагласиме дека го разгледавме случајот против жалителот врз основа на неговата основаност. На нас не влијаеја никакви наоди претставени од другите жалби или генеричките пресуди. Една од причините зошто за оваа пресуда требаше толку време за да биде подготвена беше потребата да ги исчитаме и да ги разгледаме доказите, како отворените така и запечатените што беа изнесени пред нас. Ги има многу повеќе отколку во повеќето други жалби. Тоа го отсликува фактот дека жалителот бил поврзан и соработувал со многумина од другите кои добиле сертификат и со лица и групи кои и самите биле поврзани со Ал Каеда. Не гледаме причина да не се согласиме со гледиштата изразени во генеричката пресуда за значењето на различните поединци и група на кои се упатува во неа. Но тоа не значи дека затоа автоматски ги имаме прифатено нејзините гледишта. Упатуваме на фактот дека панелот кој ја даде генеричката пресуда не беше во истиот состав како овој панел и дека она што го посочи претседателот на овој панел во однос на генеричката пресуда беше ограничено на правни прашања. Го разгледавме случајот против жалителот во врска со материјалот изнесен пред нас во оваа жалба. ...
Во делот на затворената сесија, специјалните застапници не информираа дека по внимателно разгледување одлучиле дека не е во интерес на жалителите да земат учество во постапките. Бевме многу загрижени поради ова, со оглед дека сметавме дека одлуката беше погрешна. Жалбата и понатаму беше актуелна, а жалителот не знаеше што беше опфатено во запечатениот материјал. Не можевме да сфатиме како во тие околности не може да биде во негов интерес за специјалните адвокати, по свое дискреционо видување, да извлечат или идентификуваат прашања во корист на жалителот и да поднесе поднесоци до нас во обид да не убедат дека доказите биле всушност неверодостојни или дека не ја оправдувала направената оценка. Кога го прашавме [еден од двајцата специјални застапници назначени во име на осмиот жалител] да ни каже зошто одлучил така, ни кажа дека не може да го стори тоа зошто ако го стори тоа не би било во интерес на жалителот. Ние прекинавме за да им овозможиме на специјалните застапници да се обидат да откријат од жалителот преку неговите претставници дали тој сака тие да направат сè што можат во негово име, а ние исто така стапивме во контакт со генералниот адвокат кој ги назначува специјалните застапници да побараме нејзина помош во обид да ги убеди да ни помогнат. Претставниците на жалителот посочиле дека тие немале што да кажат во однос на тоа прашање, а генералниот адвокат го зазеде ставот дека не би било во ред таа да интервенира на било кој начин. Натамошните обиди да се убедат специјалните застапници да се премислат беа неуспешни и бидејќи не можевме да ги натераме да делуваат на никаков конкретен начин моравме да продолжиме без нив. [Адвокатот на државниот секретар], на наше барање идентификуваше различни прашања кои може да се сметаат за можно ослободителни и ние самите посочивме други прашања во текот на расправата зад затворени врати.
Ние сме свесни дека отсуството на специјален застапник ја направи нашата работа уште потешка од вообичаено и дека потенцијалната неправичност за жалителот е уште поочигледна. Ние не се сомневаме дека специјалните застапници имале добра причина за да го заземат ставот што го заземаа и ние сме подеднакво сигурни дека тие размислувале долго и напорно за тоа дали ја направеле вистинската работа. Но ние сме обврзани да го евидентираме нашето јасно гледиште дека не може да има никаква причина за да не се продолжи со учеството во жалба која и понатаму е актуелна. ... Во случајов доказите против жалителот се толку силни што ниеден специјален застапник, колку и да е брилијантен, не би можел да не убеди дека не бил утврден разумен сомнеж и со тоа дека издавањето на сертификат не било оправдано. Оттука отсуството на специјални застапници не му наштетило на жалителот. ...”
56. СКЖИП потоа го резимирала отворениот случај против жалителот, кој бил дека тој се дружел и делувал како духовен советник на повеќе лица и групи поврзани со Ал Каеда. Тој имал екстремистички и фундаменталистички гледишта и бил пријавен дека во своите говори во лондонската џамија дал благослов за убивање на Евреи и Американци каде и да се. СКЖИП заклучила:
„Ние сме убедени дека активностите на жалителот отишле подалеку од чисто давање совет. Тој секако дал поддршка од Коранот на оние што сакале да отидат подалеку со целите на Ал Каеда и да извршат самоубиствени бомбашки напади и други убиствени активности. Доказите се доволни за да се покаже дека тој бил вмешан во поттикнувањето на акти на меѓународен тероризам. Но кога некој ќе даде духовен совет а притоа е свесен за какви целите и примена ќе се искористи истиот се смета за помош во рамките на значењето на членот 21(4) од Законот од 2001 г.
...
Овде многу работи се тврдат. Ние не гледаме поента да се осврнеме на нив точка по точка. Посочивме зошто го зазедовме гледиштето дека случајот изграден против жалителот е утврден. Навистина, дури и стандардот да беше повисок од разумен сомнеж, немаше да имаме никаков сомнеж дека бил утврден. Жалителот беше сериозно вмешан Тој навистина бил во центарот на терористички активности поврзани со Ал Каеда. И тој е реално опасен и овие жалби се отфрлаат.
9. Деветтиот жалител
57. Деветтиот жалител е Алжирец роден во 1972 година. Во 1991 г. тој го напуштил Алжир за Авганистан каде што предавал арапски во еден бегалски камп. Тој барал азил во Обединетото Кралство во 1993 г. Во 1994 г. тој добил дозвола да остане четири години, а во 2000 г. добил неограничена дозвола да остане врз основа дека требало да се третира како бегалец. Во четири прилики, последниот пат во мај 1998 г. жалителот бил уапсен и ослободен без обвинение. Првите три апсења биле поврзани со измама со кредитни картички. Апсењето во мај 1998 г. било во врска со наводни терористички активности и жалителот последователно добил надоместок за грешно апсење.
58. Деветтиот жалител добил сертификат од државниот секретар и бил издаден налог за депортирање на 22 април 2002 г. Бил притворен истиот ден. Според доказите изложени од еден од сведоците на државниот секретар, тој не добил сертификат со другите жалители во декември 2001 г. затоа што дел од неговиот предмет бил изгубен.
59. Во својата пресуда од 29 октомври 2003 г. СКЖИП забележала дека тврдењата против деветтиот жалител биле такви дека активно ја поддржувал ГСПЦ и собрал значителни суми на пари за нив преку измами. Имало докази дека жалителот во минатото бил фатен од цариници во обид да влезе во Обединетото Кралство, патувајќи со ферибот со големи количества на пари во готово и дека бил во тесна врска со други кои биле осудени за измама со кредитни картички. СКЖИП одлучила дека доказите за вмешаност во измама не потврдувале и вмешаност во тероризам. Меѓутоа забележала дека жалителот бил присутен во кампот во Дорсет во друштво на петтиот жалител и низа други осомничени кои ја поддржувале ГСПЦ и дека во времето на неговото апсење во неговиот дом била пронајдена телефонска сметка на име Јаркас, кој бил уапсен во Шпанија во ноември 2001 година заради неговите наводни врски со Ал Каеда. Жалителот изнел докази но не бил убедлив сведок и не дал веродостојно објаснување за претходното. Запечатените докази ги поддржувале тврдењата на државниот секретар и СКЖИП и затоа жалбата на жалителот против сертификатот се отфрла.
60. СКЖИП повторно го разгледала случајот на 2 јули и 15 декември 2004 г. и повторно утврдила дека сертификатот бил соодветно задржан.
10. Десеттиот жалител
61. Десеттиот жалител е алжирски државјанин. По експлозија на бомба во Алжир му била ампутирана левата рака кај зглобот, а десната рака под лакот. Во 1999 г. отпатувал за Обединетото Кралство преку Абу Даби и Авганистан и побарал азил. Неговото барање било одбиено на 27 февруари 2001 г. Потоа бил во притвор откако на 15 февруари 2001 г. бил уапсен и обвинет за поседување на написи со сомнителна терористичка намена, заговор за измама и заговор за изработка на лажни уреди. Во времето на неговото апсење кај него биле пронајдени приближно 40 бланко француски возачки дозволи, лични карти и пасоши, читач на кредитни картички, пластификатори и машина за изработка на релјефни шари. Меѓутоа обвинение не било подигнато и на 17 мај 2001 г. бил ослободен.
62. На 14 јануари 2003 г. државниот секретар издал сертификат против него согласно членот 21 од Законот од 2001 г. и тој бил притворен. На истиот ден бил изготвен и налог за негово депортирање.
63. Во својата пресуда од 27 јануари 2004 г. СКЖИП забележала дека суштината на случајот против десеттиот жалител била во тоа дека од неговото пристигнување во Обединетото Кралство тој тесно соработувал со мрежа на екстремисти претходно водена од Абу Доха (види во параграф 26 горе). Особено се тврдеше дека обезбедил логистичка поддршка во форма на фалсификувани документи и пари собрани преку измами со кредитни картички. Доста време поминувал во џамијата во Финсбри Парк, познат центар на исламските екстремисти и се тврдело дека посетувал состаноци таму во јуни 2001 г. на кои биле изречени закани за Самитот на Г8 во Џенова.
Жалителот на 28 јуни 2003 г. поднел писмена изјава во која ги отфрла тврдењата против себе. Меѓутоа тој не учествувал на расправата по неговата жалба, како што СКЖИП има објаснето во својата пресуда:
„Тој бил, рече [неговиот адвокат], вистински бегалец, кој не е член на никаква организација или глупа и не е вмешан во тероризам или во поддршка на тероризмот. Тој не знаел за никакви планирани терористички напади и не можел да сфати зошто бил обвинуван за такви нешта. Тој немал видено ништо од основниот материјал и немал начини да го оспори. Во пракса не можел да стори ништо повеќе отколку да тврди дека материјалот не го оправдувал заклучокот дека тој бил меѓународен терорист во рамките на значењето на Законот бидејќи тој не бил. Тој му ги прочитал одлуките на [СКЖИП] од претходните жалби. Со оглед на релевантноста која била дадена на запечатениот материјал и статутарниот тест што можел да се примени тој чувствувал дека резултатот бил очигледна работа. Тој не сакал да учествува во жалбата и да даде погрешен впечаток дека може да се справи со работите кои биле користени против него. Тој немал доверба во постапката. Соодветно на тоа немало да земе активно учество во истата, освен да ја даде изјава која била дадена во негово име [од неговиот адвокат].
Тој не ја повлекол својата жалба. Иако го земаме во предвид хендикепот со кој тој и сите жалители биле соочени, сакаме јасно да посочиме дека жалбата е неминовен резултат. Ние мораме, и така и правиме, внимателно да ги разгледуваме доказите изнесени пред нас, било отворени или запечатени, бидејќи ние сфаќаме дека резултатот е притвор на неопределен период без судење. Иако согледуваме дека специјалниот застапник има тешка задача кога нема и не може да добие никакви насоки во врска со запечатениот материјал, тој може да ги тестира доказите на Безбедносната служба и да го насочи нашето внимание на материјалот што го помага случајот на жалителот.
СКЖИП утврдила дека имало значителни докази кои го поддржувале гледиштето дека жалителот бил вмешан во измамнички активности. Доказите пред неа, повеќето од нив запечатени, биле доволни за да се утврди дека тоа го правел за да собере пари за терористички цели и да ги поддржи оние што се вмешани во терористички активности. Затоа жалбата против сертификатот се отфрла.
64. СКЖИП усвои слични одлуки и во своите ревидирани пресуди од 4 август 2004 и 16 февруари 2005 г. Во последната пресуда е посочено дека иако жалителот бил префрлен во Бродмур затворената ментална болница заради ментални здравствени проблеми тоа не правело разлика во однос на оценката на ризикот по безбедноста кој тој би го претставувал доколку би бил ослободен.
11. Единаесеттиот жалител
65. Единаесеттиот жалител е алжирски државјанин. Тој влегол во Обединетото Кралство во февруари 1998 г., користејќи фалсификувана италијанска лична карта и барал азил следната недела. Додека чекал да се реши по неговото барање, тој отпатувал за Грузија со фалсификуван француски пасош и бил депортиран назад во Обединетото Кралство каде што бил информиран дека неговото патување надвор од Обединетото Кралство го укинало неговото барање за азил. Поднел второ барање за азил кое било одбиено на 21 август 2001 г. Жалителот избегал. Тој бил уапсен на 10 октомври 2001 г. и бил држен во имиграцискиот центар за притвор од кој избегал во февруари 2002 г. Повторно бил уапсен на 19 септември 2002 г. и притворен во Белмарш затворот во согласност со одредбите од законот за имиграција.
66. На 2 октомври 2003 г. државниот секретар го прогласил за меѓународен терорист согласно членот 21 од Законот од 2001 г. и издал налог за негово депортирање по основ на национална безбедност.
67. Во својата пресуда од 12 јули 2004 г. со која се отфрла жалбата на единаесеттиот жалител против сертификатот, СКЖИП го претставила отворениот случај против него. Се тврдело дека тој бил етаблиран и висок член на групата на Абу Доха (види во параграф 26 горе). Во јули 2001 се обидел да патува за Чеченија и кога бил уапсен од грузиската полиција кај него биле пронајдени телефонски броеви поврзани со висок член на групата на Абу Доха и именуван член на ГСПЦ за кој се знаело дека бил вмешан во собирање на средства за Чеченските Муџахедини. За него се тврдело дека испраќал пари и обезбедувал логистичка поддршка за северно-африканската екстремистичка исламска мрежа со база во Пакистан и Авганистан и со врски со Ал Каеда и дека им помагал на членовите на групата на Абу Доха да отпатуваат за Авганистан, Пакистан и Чеченија. Живеел во џамијата во Финсбери Парк повеќе од година дена во 1999/2000 г. Бил многу свесен за безбедноста и за време на патувањето за Сент Албанс во септември 2001 г. презел мерки за да не биде следен. Кога бил уапсен во септември 2002 г. кај него бил пронајден фалсификуван белгиски пасош со фотографија на висок член на групата на Абу Доха. За него се тврдело дека бил сериозно инволвиран во снабдувањето со фалсификувани документи и измами со чековни книшки и кредитни картички.
68. Жалителот поднел писмена изјава во која отфрлил дека е меѓународен терорист. Тој признал дека патувал во Авганистан во 1999 г. и дека се обидел да отиде за Чеченија во 2001 г., но тврдел дека неговиот интерес во овие земји не бил ништо повеќе од она што го покажувале многу посветени Муслимани. Тој одбил да учествува на расправата по неговата жалба или да биде претставуван од адвокат како протест на фундаменталната неправичност на постапката. Со оглед на ставот на жалителот, специјалните застапници одлучиле дека неговите интереси најдобро би биле застапени доколку се воздржат од изјаснувања во негово име или поставување на прашања на сведоците на сесијата зад затворени врати.
69. При отфрлањето на жалбата на жалителот СКЖИП го одлучила следново:
„Ние сме свесни за тешкотиите со кои е соочен еден жалител кој само го гледа отворениот материјал и можеме да ја сфатиме перцепцијата [на единаесеттиот жалител] дека постапките се неправични. Меѓутоа, секој случај ги претставува сопствените поединечни факти и би било грешно да се даде впечаток, кој [неговиот адвокат] се обидел да го направи дека овој конкретен жалител бил ставен во позиција од која бил спречен, заради самата постапка според Законот, да постигне делотворна одбрана како одговор на случајот против него.
Ние ги сумиравме информациите кои му беа ставени на располагање [на единаесеттиот жалител] во различни фази од постапката ... и [неговиот] одговор на овие информации во неговата писмена изјава. Додека некои од изјавите во отворениот материјал можат со право да се опишат како општи тврдења непоткрепени од никакви документирани докази, како одговор на што [единаесеттиот жалител] не ќе можеше да даде ништо повеќе од еднакво општо отфрлање, јасно е дека во однос на другите проценки му биле доставени голем број на детални информации: имиња, датуми, места и документи.
[Единаесеттиот жалител] е во најдобра позиција да даде отчет за своите движења и активности од неговото прво барање на азил во 1998 г. Неговата писмена изјава не е толку важна во однос на тоа што го кажува колку што е важна во однос на тоа што не го кажува. Да дадеме пример: посетата на Сент Албанс и кабината за фотографирање каде [единаесеттиот жалител] вели дека конкретното тврдење на тужениот е ‘апсолутно погрешно’ ... [Единаесеттиот жалител] не отфрла дека заминал за Сент Албанс. Тој знае кој бил со него и зошто отишле таму. Но тој не објаснил зошто заминале таму, ниту го идентификувал човекот што го придружувал, иако му биле покажани фотографии кои биле направени за време на операцијата на следење. ...”
СКЖИП продолжува со тоа што ја посочува недоследноста во различните објаснувања на жалителот за неговите патувања во Авганистан, Грузија и Дубаи и тоа што не успеал да одговори на тврдењата на државниот секретар дека бил поврзан со различни членови на групата на Абу Доха идентификувани по име. СКЖИП продолжува:
„Посочените работи ... не се исцрпна листа, туку само најочигледните примери за начинот на кој писмената изјава на [единаесеттиот жалител] не успеала да се справи со отворениот случај изнесен против него. Со оглед на незадоволувачката природа на изјавата не веруваме дека можеме да дадеме задоволувачка тежина на општите отфрлања содржани во истата. Се осврнавме на овие прашања во одредени детали бидејќи тие се корисна илустрација на опсегот во кој [единаесеттиот жалител] би можел да одговори на случајот против него доколку одлучел да го стори тоа. Иако не извлекуваме никаков негативен заклучок од тоа што не изнел никакви докази, или од тоа што не учествувал во расправата по неговата жалба, ние мораме да одлучиме по неговата жалба врз основа на доказите и ни останува ставот дека немаше никакво делотворно оспорување со докази, вкрстено испрашување или изјаснување по отворениот материјал доставени од тужениот.
...
Стандардот на докажување пропишан со членот 25(2) од Законот од 2001 г. е релативно низок: дали постои разумен основ да се верува или сомнева во нешто. Како што беше појаснето горе, ние сме уверени дека овој низок праг лесно се преминува врз основа само на отворениот материјал. Доколку целокупноста на материјалот, како отворениот така и запечатениот, се земе во предвид кај нас не постои сомнеж дека [единаесеттиот жалител] бил висок и активен член на групата на Абу Доха како што е опишано во доказите на тужениот.“
Д. Условите во притворот и последиците од притворот по здравјето на жалителите
70. На почетокот сите притворени жалители биле притворени во затворот Белмарш во Лондон. Шестиот жалител бил префрлен во затворот Вудхил, а првиот, седмиот и десеттиот жалител биле префрлени во Бродмур затворената ментална болница.
71. Тие биле држени во затвор под истиот режим како и другите затвореници со стандардна категорија А на ризик, која била сметана за соодветна безбедносна класификација врз основа на ризикот што го претставувале. Им биле дозволени посетители, откако посетителите биле безбедносно проверени и можеле да контактираат со останатите затвореници, да се јавуваат по телефон и да пишуваат и примаат писма. Имале пристап и до имам и до своите правни застапници. Го имале истото ниво на пристап до здравствена нега, вежбање, образование и работа како било кој друг затвореник на нивно ниво на безбедносно рангирање.
По препорака на инспекторот назначен во согласност со Законот од 2001 година за разгледување на режимот на притвор, Владата креирала специјално одделение во затворот Вудхил за сместување на притворениците според Законот 2001 г. Одделението, кое било реновирано во консултација со притворените жалители и нивните претставници и имало специјално избран и обучен персонал, требало да овозможи порелаксиран режим, вклучувајќи и повеќе време поминато надвор од ќелијата. Меѓутоа жалителите одлучиле да не бидат префрлени во одделението, одлука за која жалел инспекторот.
72 Првиот жалител кој тврдел дека бил малтретиран во израелски затвор и кој првпат бил лечен од депресија во мај 1999 г. страдал од сериозно влошување на неговото ментално здравје додека бил притворен во затворот Белмарш. Во јули 2002 година бил префрлен во Бродмур затворената ментална болница.
73. Седмиот жалител пријавил семејна историја на психичко заболување и дека како адолесцент страдал од депресија. Тој тврдел дека во текот на својот притвор сè повеќе страдал од депресија, параноја и аудиторни халуцинации. Тој се обидел да се самоубие во мај 2004 г. и бил префрлен во Бродмур затворената ментална болница на 17 ноември 2004 г.
74. Десеттиот жалител, лице со две ампутации, тврдело дека бил притворен и мачен во Алжир. Тој страдал од влошување на неговото физичко и ментално здравје во затворот Белмарш. Во мај/јуни 2003 г. започнал штрајк со глад и одбил да ги користи протезите што му биле обезбедени и да соработува со медицинскиот персонал. На почетокот на ноември 2003 г. затворските власти му ја повлекле негата од медицинско лице. Неговиот правен застапник побарал судско разгледување на оваа одлука и во декември 2003 г. повторно му била доделена медицинска нега по наредбата на Управниот суд. На 1 ноември 2004 година десеттиот жалител бил префрлен во Бродмур затворената менталната болница.
75. Европскиот комитет за спречување на мачење и нечовечно или понижувачко постапување или казнување („КСТ“) ги посетил притворените жалители во февруари 2002 г. и повторно во март 2004 г. и упатиле низа критики во однос на условите во кои биле држени притворените. Владата ги отфрлила овие критики (види во параграфите 101-102 долу).
76. Во октомври 2004 г. на барање на правните застапници на жалителите група од осум психијатари консултанти подготвиле Заеднички психијатриски извештај за притворените жалители, во кој било заклучено:
„Притворениците потекнуваат од земји каде менталното здравје е крајно стигматизирано. Дополнително на тоа за побожни муслимани постои директна забрана за самоубиство. Ова е особено важно со оглед на бројот што се обиделе или размислувале за самоубиство. Сите притвореници имаат сериозни ментални проблеми коишто се директен резултат или се сериозно влошени од неограничената природа на притворот. Менталните здравствени проблеми доминантно земаат форма на сериозно депресивно заболување или анксиозност. Повеќето од притворениците развиле психотични симптоми, со нивно влошување. Некои притвореници исто така страдаат од ПТПС [пост-трауматско пореметување од стрес], било како резултат на нивната пред-миграциска траума, околностите околу нивното апсење и затворање или поврзаноста на двете.
Континуираното влошување на нивното ментално здравје е исто така погодено од природата и нивната недоверба во затворскиот режим и процесот на жалби, како и основниот и централен фактор на неодредената природа на притворот. Затворскиот систем на здравствена нега не е во можност да одговори на нивните здравствени потреби на соодветен начин. Однесувањето на само-повредување и болка не се успева да се видат како дел од клиничка состојба наместо како чиста манипулација. Постои несоодветно обезбедување на нега за сложени психички здравствени проблеми.
Нивните ментални здравствени проблеми тешко можат да се решат додека се одржуваат во нивната актуелна ситуација и со оглед на доказите од повеќето разговори голема е веројатноста дека тие ќе продолжат да се влошуваат додека лицата се во притвор.
Проблемите што се опишани од притворените се извонредно слични на проблемите идентификувани во литературата што го испитува влијанието на имиграцискиот притвор. Оваа литература опишува многу високи нивоа на депресија и анксиозност и елоквентно укажува дека времетраењето на притворот е директно поврзано со сериозноста на симптомите и дека се работи за притвор кој како таков предизвикува проблемите да се влошуваат.“
77. Заради потребите на актуелните постапки Владата побарала психијатар консултант, д-р Џеј да даде свој коментар на гореспоменатиот заеднички психијатриски извештај. Д-р Џеј бил критички настроен кон методологијата и заклучоците на авторите на Заедничкиот извештај. Конкретно, напишал (испуштени се упатувањата на други извештаи):
„Би коментирал дека по темелна проверка многу од тврдењата не се издржани. На пример во случајот на [првиот жалител] јас после внимателна и детална проценка утврдив дека неговата ментална состојба после затворањето и потоа во притворот во Бродмур болницата сè на сè не била полоша, иако можеби не ни подобра од пред неговото апсење. Ниту пак неговата документација сугерира првично подобрување по што следело влошување во Бродмур болницата. Јас утврдив дека неговата состојба се влошила во Затворот на НВ Белмарш затоа што тој избрал да започне штрајк со глад и бидејќи во Бродмур болницата имал флуктуирачки ред и покрај тоа што се согласил да јаде, а неговото хистрионично однесување во обете места во основа било исто. Во неговиот случај утврдив дека дијагнозата е пореметување на личноста, дијагноза на сериозно депресивно заболување, и дека не се работи за психоза и ПТПС. Исто така јас утврдив дека неговото често само-повредување навистина било манипулаторско.
...
Не сум сам кога тврдам дека дијагнозите на кои упатуваат авторите на овој извештај се погрешни и во мојот извештај упатувам на скептицизам на некои други коишто поднеле извештаи за [првиот и седмиот жалител]. Затоа не е точно дека постои консензус во мислењето кое се посочува во извештајот и јас забележувам дека во двата случаи што ги проценив [првиот и седмиот жалител], нивните т.н. психотични симптоми на кои се повикува во некои од извештаите и за кои се вели дека не постоеле пред притворот, всушност постоеле пред нивното апсење.
Прашањето кое јас сметам дека е од голема важност се однесува на преќутно прифаќање на информации добиени со само-пријавување. Се чини дека авторите на извештајот прифатиле на пример дека тројца од притворените биле жртви на притвор и мачење и сите сметале дека биле во сериозна опасност пред да мигрираат. Никаде не видов никакви докази кои можат да ги поткрепат овие тврдења или навистина некаков обид да се проверат. Со оглед дека е случај во кој имигранти и баратели на азил треба да ги оправдаат своите обиди да влезат во друга земја, зар не е можно или дури и веројатно дека некои може не секогаш да се целосно искрени за она што тие го тврдат за своите минати искуства или актуелни симптоми? Кога се работи за наводни терористи треба да се има на ум дека тие ги отфрлиле таквите тврдења и покрај отворените и запечатените докази против нив кои се разгледани на највисоко ниво. Секако ова треба да предизвика сомнеж околу нивната искреност?“
Ѓ. Ослободувањето на петтиот жалител со кауција
78. На 20 јануари 2004 г. СКЖИП одлучил дека во принцип треба да одобри кауција за петтиот жалител. Државниот секретар се обидел да ја обжали ваквата одлука но бил информиран од Апелациониот суд со привремена одлука со датум од 12 февруари 2004 г. дека нема јуриздикција да ја разгледа жалбата.
79. СКЖИП ги објаснила своите причини за доделување на кауција со повеќе детали во пресудата со датум од 22 април 2004 г. Таа одлучила согласно Законот од 2001 г. дека има овластување да одобри кауција само во исклучителни случаи каде што било задоволено дека доколку не се одобри кауција менталната или психичката состојба на притвореникот ќе се влоши во такви размери така што неговиот продолжен притвор би претставувал повреда на членот 3 од Конвенцијата заради како нечовечен или членот 8 како несразмерен.
80. СКЖИП од мај 2002 г. забележала дека постоела загриженост кај затворскиот персонал за менталното здравје на петтиот жалител иако ваквата загриженост не била пренесена на неговите правни застапници. Во декември 2003 г. тој страдал од сериозно повраќање во тешка депресија со психотични симптоми, вклучително аудиторни халуцинации и самоубиствени мисли. Повеќе психолози и психијатари го прегледале на барање на неговите правни застапници и на иницијатива на Министерството за внатрешни и се согласиле дека тој бил сериозно болен и дека неговото ментално здравје веројатно би се подобрило доколку му се дозволи да оди дома. СКЖИП заклучила:
„Ние не сметаме дека прагот е преминат и дека има повреда на човековите права [на петтиот жалител]. Јуриспруденцијата на [Европскиот суд за човекови права] го нагласува високиот праг кој мора да се премине и дека притворот тешко дека може да се смета за несразмерен освен ако во најмала рака не се граничи со постапување кое би претставувало повреда на членот 3. Но уверени сме дека доколку не беше ослободен, дека би имало таква повреда. Да му се дозволи некому да достигне состојба во која ќе му биде потребно лекување во специјализирана болница или континуирана нега и внимание за да се обезбеди дека тој нема да си наштети може да претставува повреда на членот 8 освен ако не постои можна алтернатива за притворот, и веројатно на членот 3. Како што кажавме не мора да чекаме да дојде до таква ситуација. Под услов да бидеме убедени, како што сме, дека условите кои ги наметнуваме се доволни за да го минимизираме ризикот по безбедноста на државата доколку [на петтиот жалител] е ослободен, можеме да дејствуваме како што направивме.
Мораме да нагласиме дека одобрувањето на кауција е исклучок. Ова го правиме затоа што сите медицински докази се еднонасочни и притворот ја предизвикал менталната болест која само ќе се влоши. ...”
81. Затоа петтиот жалител на 22 април 2004 бил ослободен под услови кои достигнуваат домашен притвор. Не му било дозволено да го напушта својот дом и морал да носи електронска алка цело време. Немал пристап до интернет, а телефонска врска само со Безбедносната служба. Морал да се пријавува по телефон кај Безбедносната служба пет пати на ден и да им дозволи на нивните агенти пристап во неговиот дом во секое време. Не му било дозволено да контактира со никој друг освен неговата сопруга и дете, правниот застапник, и лекар одобрен од Министерството за внатрешни или да се гледа со некој посетител освен ако претходно не бил одобрен од Министерството за внатрешни.
Е. Настаните што следеле по пресудата на Домот на лордовите од 16 декември 2004 г.
82. Прогласувањето на некомпатибилноста од страна на Домот на лордовите од 16 декември 2004 г. како и сите такви декларации не биле обврзувачки за странките во спорот (види во параграф 94 долу). Жалителите останале во притвор, со исклучок на вториот и четвртиот жалител, кои избрале да го напуштат Обединетото Кралство и петтиот жалител кој бил ослободен со кауција под услови кои одговарале на домашен притвор. Исто така ниеден од жалителите немале право во согласност со националното право на надоместок во однос на нивниот притвор. Затоа жалителите ги поднесле своите жалби до Судот на 21 јануари 2005 г.
83. На крајот од јануари 2005 г. Владата ја објавила својата намера да го укине Делот 4 од Законот од 2001 г. и да го замени со режим на налози за контрола со кои на поединци би им се наметнале различни ограничувања без разлика на државјанството, а кои се разумно осомничени дека се вмешани во тероризам.
84. Жалителите кои останале во притвор биле ослободени на 10-11 март 2005 г. и веднаш потоа биле предмет на налози за контрола во согласност со Законот за спречување на тероризам од 2005 г. кој стапил на сила на 11 март 2005 г.
85. Владата го повлече известувањето за дерогација на 16 март 2005 г.
86. На 11 август 2005 г. по преговорите кои започнале кон крајот на 2003 г. со кои од алжирските и јорданските влади се барало потврда дека жалителите нема да бидат малтретирани доколку бидат вратени, владата на петтиот, шестиот, седмиот, осмиот, деветтиот, десеттиот и единаесеттиот жалител им врачила Известување за намера за депортирање. Овие жалители биле однесени во имиграциски притвор во исчекување на нивното отстранување во Алжир (петтиот, шестиот, седмиот, деветтиот, десеттиот и единаесеттиот жалител) и Јордан (осмиот жалител). На 9 април 2008 г. Апелациониот суд одлучил дека осмиот жалител законски не може да се екстрадира за Јордан затоа што постоела шанса дека доказите прибрани со мачење да бидат употребени против него за време на судењето, со флагрантна повреда на неговото право на правично судење. На денот на усвојувањето на оваа пресуда случајот чекаше во Домот на лордовите.
Б. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Притвор во исчекување на депортација пред усвојувањето на Законот од 2001 г.
87. Во согласност со член 3(5) од Законот за имиграција од 1971 г. државниот секретар може да издаде налог за депортирање против некој што не е државјанин врз основ дека депортирањето би било за општо добро, од причини на национална безбедност, inter alia. Едно лице кое било предмет на налог за депортирање може да биде притворено во исчекување на депортирањето (Законот од 1971 г., листата 3, став 2). Меѓутоа, беше одлучено во случајот на Р. против управникот на затворот Дарам ex parte Хардиал Синг (R. v. Governor of Durham Prison ex parte Hardial Singh [1984] 1 WLR 704) дека овластувањето да притвори во согласност со горенаведената одредба било ограничено на времетраење што би било разумно за да се овозможи процесот на депортирање да биде спроведен. Затоа притворот не бил дозволен според Законот од 1971 г. кога се знае дека депортирањето е невозможно, било бидејќи нема земја која е волна да го прими лицето во прашање или бидејќи би постои ризик од мачење или друго сериозно малтретирање на лицето предложено за депортирање во неговата земја на потекло.
Б. Законот за тероризам од 2000
88. Во јули 2000 г. Парламентот го усвоила Законот за тероризам од 2000 г. Како што забележал лордот Бингам во својот став за актуелниов случај „ова било значителна мерка со 131 член и 16 листи, чија цел била да извршат ремонт и да го модернизира и зајакне правото во врска со сè поголемиот проблем со тероризмот“. „Тероризмот“ бил дефиниран во членот 1 од Законот како:
„... примена или закана со акција кога -
(а) акцијата потпаѓа под точката (2),
(б) употребата или заканата е креирана за да влијае врз владата или да ја заплаши јавноста или дел од јавноста, и
(в) употребата или заканата е креирана заради истакнување на политичка, религиозна или идеолошка кауза.
(2) Акцијата потпаѓа под оваа точка доколку таа -
(а) вклучува серио34зно насилство против лице,
(б) вклучува сериозна штета на имот,
(в) го става во опасност животот на лицето, покрај тој на лицето кое ја спроведува акцијата,
(г) креира сериозен ризик по здравјето или сигурноста на јавноста или дел од јавноста, или
(д) е дизајнирана за сериозно да го попречи или сериозно на го наруши електронскиот систем.
(3) Употребата или заканата со акција која потпаѓа под точката (2) која вклучува употреба на оружје или експлозиви претставува тероризам без разлика дали е задоволена точката (1)(б).
(4) Во овој член -
(а) ‘акцијата’ вклучува дејствија надвор од Обединетото Кралство,
(б) упатување на лице или имот е упатување на секое лице или имот без разлика каде се лоцирани,
(в) упатување на јавноста вклучува упатување на јавноста на некоја земја покрај Обединетото Кралство, и
(г) ‘владата’ значи владата на Обединетото Кралство, на дел од Обединетото Кралство или на некоја друга земја покрај Обединетото Кралство.
(5) Во овој Закон упатување на акција преземена за терористички цели вклучува упатување на акција преземена во корист на забранетата организација.
За потребите на Законот една организација е „забранета“ доколку:
3. (1) ...
(а) таа е наведена на Листата 2, или
(б) таа дејствува под истото име како и организација наведена на таа Листа.
(2) Точката (1)(б) нема да важи во врска со една организација наведена во Листата 2 доколку нејзиното внесување е предмет на забелешка во таа Листа.
(3) Државниот секретар може со налог -
(а) да додаде организација на Листата 2;
(б) да отстрани организација од таа Листа;
(в) да ја измени и дополни таа Листа на некој друг начин.
(4) Државниот секретар може да ги примени своите овластувања во согласност со точка (3)(б) во однос на една организација само доколку тој верува дека таа е вмешана во тероризам.
(5) За потребите на точката (4) една организација е вмешана до тероризам доколку истата -
(а) изврши или учествува во терористички акти,
(б) се подготвува за тероризам,
(в) промовира или охрабрува тероризам, или
(г) на некој друг начин е вмешана во тероризам.“
89. Делот II од Законот формулира кривични дела заради членство или поддршка на забранети организации; тој креира кривични дела заради собирање на финансиски средства, користење и поседување на терористички средства, вклучување во аранжмани за трансфер на терористички средства, перење на пари и необелоденување на сомнеж за перење на пари. Имаше низа дополнителни суштински кривични дела во Делот IV, вклучително и кривични дела за обука за користење оружје; управување со терористички активности; поседување без разумно оправдување на работи за кои постои веројатност дека им се корисни на лица кои вршат или се подготвуваат за терористички акти; и собирање без разумно оправдување на информации кои веројатно му се корисна на лице кои извршува или подготвува терористички акт. Со членот 62 Законот имаше екстериторијален опсег, со тоа што едно лице под јуриздикција на Обединетото Кралство може да биде судено за кое било од горенаведените дела без разлика каде актите кои се сметаат за такви кривични дела биле извршени.
В. Законот за борба против тероризам, криминал и за безбедност од 2001 година
90. Делот 4 од Законот од 2001 г. (види во параграф 12 горе) кој беше насловен „Имиграција и азил“ утврдува овластувања кои овозможуваат притвор на лица кои не се државјани, а се осомничени дека се меѓународни терористи дури и кога нивното депортирање во дадениот момент било невозможно. Законот од 2001 г. уредува, што се однесува до материјалното:
„ДЕЛ 4
ИМИГРАЦИЈА И АЗИЛ
Осомничени меѓународни терористи
21. Осомничен меѓународен терорист: издавање сертификат
(1) Државниот секретар може да издаде сертификат во согласност со овој член за лице доколку државниот секретар разумно -
(а) верува дека присуството на лицето во Обединетото Кралство претставува ризик по националната безбедност, и
(б) се сомнева дека лицето е терорист.
(2) Во точката (1)(б) ‘терорист’ значи лице кое -
(а) е или било вмешано во нарачка, подготвување или извршување на меѓународни терористички акти,
(б) е член или припаѓа на меѓународна терористичка група, или
(в) има врски со меѓународна терористичка група.
(3) Една група претставува меѓународна терористичка група за потребите на точката (2)(б) и (в) доколку -
(а) таа е предмет на контрола или влијание на лица надвор од Обединетото Кралство, и
(б) државниот секретар се сомнева дека е вмешана во нарачка, подготвување или извршување на меѓународни терористички акти.
(4) За потребите на точка (2)(в) едно лице има врски со меѓународна терористичка група само доколку тој ја поддржува или помага.
(5) Во овој Дел -
„тероризам“ го има значењето дадено во членот 1 од Законот за тероризам од 2000 г. (c. 11) и
„осомничен меѓународен терорист“ значи лице прогласено според точка (1).
(6) Кога државниот секретар издава сертификат според точка (1) тој веднаш штом ќе е разумно изводливо -
(а) ќе преземе разумни чекори да го извести лицето за кое е издаден сертификат, и
(б) ќе испрати копија од сертификатот до Специјалната комисија за жалби во врска со имиграциски прашања.
(7) Државниот секретар може да го повлече сертификатот издаден во согласност со точка (1).
(8) Одлука на државниот секретар во врска со сертификатот во согласност со овој член може да се испита во правна постапка само согласно член 25 или 26.
(9) дејствие што државниот секретар го презел целосно или делумно во согласност со сертификатот од овој член може да се испита во правна постапка само од или во тек на постапка во согласност со -
(а) член 25 или 26, или
(б) член 2 од Законот за Специјалната комисија за жалби во врска со имиграциски прашања од 1997 г. (c. 68) (жалба).
22. Депортирање, отстранување, итн.
(1) Дејствие од типот утврден во точка (2) може да се преземе во однос на осомничен меѓународен терорист и покрај фактот дека (привременото или неограниченото) дејствието не може да резултира со негово отстранување од Обединетото Кралство заради -
(а) точка во законот која целосно или делумно е поврзана со меѓународен договор, или
(б) практична загриженост ...
(2) Дејствијата споменати во точка (1) се -
...
(д) изработка на налог за депортирање ...
(3) Дејствие од типот утврден во точка (2) кое се применува во однос на осомничен меѓународен терорист во времето кога му се издава сертификат во согласност со членот 21 ќе се третира како повторно преземено (во согласност со точка (1) горе) веднаш по издавањето на сертификат.
23. Притвор
Осомничен меѓународен терорист може да биде притворен во согласност со одредба утврдена во точката (2) и покрај фактот дека неговото отстранување или заминување од Обединетото Кралство е спречено (било привремено или неограничено) од -
(а) точка во законот која целосно или делумно е поврзана со меѓународен договор, или
(б) практична загриженост ...
(2) Мерките споменати во точка (1) се -
(а) параграф 16 од Листата 2 од Законот за имиграција од 1971 г. (c. 77) (притвор на лица кои подложат на проверка или отстранување), и
(б) параграф 2 од Листата 3 од тој Закон (притвор во исчекување на депортација).“
Делот 4 од Законот од 2001 вклучува одредба дека законот ќе остане на сила само пет години и дека подложи на годишна одлука за потврдување од двата дома на Парламентот.
Г. Специјалната комисија за жалби во врска со имиграциски прашања
91. Специјалната комисија за жалби во врска со имиграциски прашања („СКЖИП“) беше формирана како одговор на пресудата на Судот во случајот на Чахал против Обединетото Кралство (Chahal v. the United Kingdom [GC], judgment of 15 November 1996, Reports of Judgments and Decisions 1996-V). Се работи за трибунал составен од независни судии со право на жалба против нејзините одлуки во однос на правно прашање до Апелациониот суд и Домот на лордови.
Согласно членот 25 од Законот од 2001 г.:
„(1) Осомничен меѓународен терорист може да се жали до Специјалната комисија за жалби во врска со имиграциски прашања против сертификатот што му бил издаден во согласност со членот 21.
(2) Врз основа на жалба [СКЖИП] мора да го укине сертификатот доколку -
(а) таа смета дека нема разумен основ да се верува или сомнева за типот посочен во членот 21(1)(а) или (б), или
(б) доколку смета дека заради некакви други причини сертификатот не треба да биде издаден.“
СКЖИП е обврзана да спроведе првично разгледување за да се увери дека сертификатот е сè уште оправдан шест месеци по неговото издавање или шест месеци по конечното утврдување на жалба против сертификатот и потоа на интервали од по 3 месеци.
Согласно член 30 од Законот од 2001 г. секакво правно оспорување на дерогацијата во согласност со членот 15 од Конвенцијата исто така ќе се упати до СКЖИП.
92. СКЖИП има посебна процедура која овозможува да го разгледа не само материјалот кој може да се објави („отворениот материјал“) туку исто така и материјал кој од причини на националната безбедност не може („запечатениот материјал“). Ниту жалителот ниту неговиот правен застапник не можат да го погледаат овој запечатен материјал. Соодветно на тоа еден или повеќе адвокати со безбедносно одобрение, кои се нарекуваат „специјални застапници“ се назначуваат од генералниот адвокат за да делуваат во име на секој жалител.
93. Во жалбите по сертификатите пред СКЖИП, кои се во прашање во актуелниов случај, отворените изјави и докази во врска со секој жалител биле први претставени, а специјалните застапници можеле да дискутираат по овој материјал со жалителот и неговите правни застапници и да добијат генерални насоки. Потоа се претставувал запечатениот материјал пред судиите и специјалниот застапник, кој од тој момент повеќе не можел да има контакт со жалителот и/или неговите претставници освен со одобрение на СКЖИП. Улогата на специјалниот застапник за време на затворените сесии била токму да се изјасни во име на жалителот, како во однос на процедурални прашања, како што е потребата за дополнително обелоденување, така и во однос на содржината на предметот. Во однос на секоја жалба против сертификатот, СКЖИП издавала и „отворена“ и „запечатена“ пресуда. Специјалниот застапник можел да ги види двете, но притвореникот и неговите претставници можеле да ја видат само отворената пресуда.
Д. Прогласување на некомпатибилност во согласност со Законот за човекови права од 1998 г.
94. Член 4 од Законот од 1998 г. уредува дека кога еден суд ќе утврди дека примарното законодавство е спротивно на Конвенцијата судот може да прогласи некомпатибилност. Таквото прогласување не влијае врз полноважноста на одредбата на која се однесува, и не е обврзувачко за странките во постапката во која се прави, но можат да се направат посебни договори (член 10) за измени и дополнување на одредбата за да се отстрани некомпатибилноста (види дополнително во случајот на Burden v. the United Kingdom [GC], no. 13378/05, §§ 21-24 and 40-44, ECHR 2008).
Ѓ. Законот за тероризам од 2006
95. Законот за тероризам од 2006 г. стапи на сила на 30 март 2006 година формулирајќи низа кривични дела заради проширување на кривичната одговорност на дејствија на подготвување на терористички дела кои биле формулирани со Законот за тероризам од 2000 г. Новите кривични дела биле охрабрување, дистрибуција на публикации, подготовка и обука. Кривичните дела биле така формулирани за да се интервенира во раната фаза од терористичката активност и оттука да се спречи развивањето на посериозно однесување. Тие исто така биле дизајнирани да бидат полесни за докажување.
Е. Разгледување на употребата на специјални застапници според Законот за спречување на тероризам од 2005 г.
96. На 31 октомври 2007 г. Домот на лордовите ја дал пресудата во случајот на Државниот секретар за Одделот за внатрешни работи (тужен) против МБ (ФЦ) (жалител) ( Secretary of State for the Home Department (Respondent) v. MB (FC) (Appellant) [2007] UKHL 46), која се однесува на оспорување на не-дерогативен налог за контрола издаден од државниот секретар во согласност со членовите 2 и 3 (1)(а) од Законот за спречување на тероризам од 2005 г. Домот на лордовите морал меѓу другото да одлучи дали процедурите уредени во членот 3 од Законот од 2005 г. кои вклучувале и расправи зад затворени врати и специјални застапници биле компатибилни со членот 6 од Конвенцијата, со оглед дека во случајот на еден од жалителите тие резултирале случајот против него во суштина да биде целосно необелоденет, без никакви конкретни тврдења за активност поврзана со тероризам содржани во отворениот материјал.
Домот на лордовите бил едногласен во одлуката дека постапките во прашање утврдувале граѓански права и обврски и така повлекувале заштита согласно членот 6. Во однос на прашањето на почитување, мнозинството (баронесата Хејл од Ричмонд, лордот Карсвел и лордот Браун од Итон-андер-Хејвуд) одлучило дека иако во многу случаи процедурата со специјален застапник би обезбедила доволна противтежа кога државниот секретар не сака да обелодени одреден материјал, а кој сакала да го употреби за да утврди постоење на основи за сомневање дека контролираниот бил или е инволвиран во активности поврзани со тероризам, секој случај морал да биде разгледан поединечно. Баронесата Хејл го вели следново:
„65. ... Сè би зависело од природата на случајот; какви чекори се преземени за да се објаснат деталите од тврдењата на контролираното лице за тој да може да претпостави каков е материјалот што го поткрепува тоа; кои чекори биле преземени за да се резимира запечатениот материјал во поткрепа без да се откриваат имиња, датуми или места; природата и содржината на материјалот што не се обелоденува; колку ефективно специјалниот застапник можел да го оспори тоа во име на контролираното лице; и каква разлика неговото обелоденување би направило. Сите овие фактори би биле релевантни за тоа дали контролираното лице добило вистинска шанса за оспорување на фактичката основа за тој налог.
66. Не мислам дека можеме да бидеме убедени дека Стразбур би одлучил дека секоја расправа за налог за контрола во која се користела специјална процедура за застапување, како што е образложено од Законот од 2005 г. и Делот 76 од Правилата за граѓанска постапка би била доволна за почитување на членот 6. Меѓутоа со големи напори од сите, иако ќе биде тешко и ќе треба време вообичаено би требало да биде можно да му се даде на контролираното лице ‘значителна мерка на процедурална правда’. Сите инволвирани ќе мора да сторат сè што можат за да обезбедат ‘принципите на судското испитување’ да бидат почитувани во целост. Државниот секретар мора да даде колку што е можно поцелосно објаснување зошто таа смета дека основот на членот 2(1) е исполнет. Колку поцелосно објаснување е дадено, толку поцелосни упатства специјалните застапници ќе можат да добијат од клиентот пред тие да го видат запечатениот материјал. И судијата и специјалните застапници ќе мора да го проверат тврдењето дека запечатениот материјал треба да остане запечатен со голема грижа и значителен скептицизам. Има мноштво докази од други места за тенденцијата да се претера со тврдењето дека има потреба за тајност во случаи на тероризам: види Serrin Turner and Stephen J Schulhofer, The Secrecy Problem in Terrorism Trials, 2005, Brennan Centre for Justice at NYU School of Law. И судијата и специјалните застапници ќе мора упорно да го тестираат материјалот кој останува запечатен. Сите мора да се свесни за можноста дека материјалот може да биде редактиран или сумиран на таков начин за да им се овозможи на специјалните застапници да бараат упатства од клиентот за истиот. Сите мора да се свесни за можноста специјалните застапници да добијат дозвола да му постават одредени и внимателно прилагодени прашања на клиентот. Иако не изречно уредени во CPR r 76.24, специјалниот застапник треба да може да повика или да има повикано сведоци да го побијат запечатениот материјал. Природата на случајот може да биде таква што на клиентот да не му треба да ги знае сите детали со цел да подготви делотворно оспорување.
67. Најдобар судија за тоа дали постапката обезбедила доволна и значителна мерка на процедурална заштита е најверојатно судијата кој ја спровел расправата. ...”
Лорд Карсвел забележал:
„Постои многу широк спектар на случаи во кои државниот секретар се потпира на запечатен материјал. Во една екстремност може да има случаи во кои единствениот доказ кој е непогоден за контролираното лице е запечатен, и при тоа не може да му се каже за каков доказ се работи или дури и да се даде неговата суштина, а специјалниот застапник не е во позиција да добие доволно упатства за да изгради делотворно оспорување на непогодните тврдења. Од друга страна може да има случаи кога потврдниот ефект на запечатениот материјал е многу мал или едвај да го поддржува силниот отворен материјал и нема пречки за давање на одбрана. Постои бескрајна разновидност на можни случаи меѓу нив. Рамнотежата меѓу отворениот материјал и запечатениот материјал и потврдната природа на секој од нив ќе варира од случај до случај. Специјалниот застапник можеби ќе може да распознае со доволна јасност како да се справи со запечатениот материјал без да добие директни упатства од контролираното лице. Ова се прашања за судијата да го измери и процени во процесот на утврдување дали контролираното лице имало правично судење. Проценката е ... специфична според фактите. Судијата кој го има видено и отворениот и запечатениот материјал и имал корист од придонесот на специјалниот застапник е во голема мерка во најдобра позиција да го направи тоа. Јас меѓутоа сметам дека постои прилично тежок товар врз контролираното лице за да утврди дека имало прекршување на членот 6 за да му се даде потребната тежина на легитимен јавен интерес за необелодување на материјал врз валиден безбедносен основ. Судовите не треба да бидат премногу спремни да одлучат дека хендикепот што го има контролираното лице со необелоденување на материјалот претставува прекршување на членот 6.“
Лордот Браун го одлучил следново:
„Можеби има случаи, иако најверојатно во целосна претставуваат исклучок, кога и покрај најдобрите напори на сите засегнати по пат на намалување, анонимизацијата и сумирање, едноставно е невозможно да се посочи доволно од случајот на државниот секретар за да му се овозможи на осомничениот да развие делотворно оспорување на истиот. Освен ако во овие случаи судијата сепак може да се почувствува доста сигурен дека во секој случај никакво можно оспорување евентуално би можело да успее (тешко, но јас сметам не невозможен заклучок до кој може да се дојде ...), тој ќе мора да заклучи дека креирањето или, како што може да биде случајот, потврдувањето на налогот навистина би инволвирала значителна неправда за осомничениот. На кратко, во таков случај на осомничениот не би му била дадена дури ни ‘значителна мерка на процедурална правда’ (Чахал [цитиран горе] § 131) без разлика на примената на процедурата со специјален застапник; ‘самата основа на [неговото] право [на правична расправа] [ќе била] попречено’ (Tinnelly & Sons Ltd and McElduff and others v United Kingdom [цитиран долу] § 72).
Лорд Бингам не изрази несогласување но примени различно размислување. Тој одлучи дека било неопходно да се разгледа процесот како целина и да се размисли дали била искористена процедура која вклучувала значителна неправда по контролираното лице; додека иако примената на специјални застапници можело да помогне во унапредување на мерката на процедурална правда достапна на контролираното лице, тоа не можело во целост да обезбеди правен лек за тешкиот хендикеп по лицето кое не било свесно за случајот против него и затоа да не можело ефективно да му даде упатства на специјалниот застапник.
Лордот Хофман во своето несогласување сметал дека откако судечкиот судија ќе одлучел дека обелоденувањето би било спротивно на јавниот интерес, употребата на специјални застапници обезбедувала значителна заштита за контролираното лице и во такви околности никогаш не би имало повреда на членот 6.
97. Во Државниот секретар за Одделот за внатрешни работи против АФ (Secretary of State for the Home Department v. AF [2008] EWCA Civ 1148, the Court of Appeal (Sir Anthony Clark MR and Waller LJ; Sedley LJ dissenting)), дадени се следниве насоки врз основа на мнозинските мислења во МБ, во врска со придржувањето до членот 6 во случаи на налог за контрола со употреба на специјални застапници (извадок од правен апстракт).
(1) При одлучувањето дали со расправата во согласност со член 3(10) од Законот од 2005 г. биле прекршени правата на контролираното лице во согласност со членот 6 прашањето било дали, земено како целина, расправата била фундаментално неправична за контролираното лице или не му била доделена значителна мерка на процедурална правда или самата основа на неговото право на правична расправа била повредена. Пошироко, прашањето било дали ефектот од процесот бил тоа дека контролираното лице било изложено на значителна неправда. (2) Сите соодветни чекори мора да се преземат за да му се обезбеди на контролираното лице колку што е можно повеќе информации, како во однос на тврдењата така и во однос на доказите, доколку е неопходно со соодветно сумирање. (3) Онаму каде што на самиот почеток не беа обезбедени целосни тврдења и докази од причини на националната безбедност, на контролираното лице морало да му се обезбеди специјален застапник. Во таков случај следниве принципи важеле. (4) Немало принцип дека расправата би била неправична во отсуство на отворено обелоденување пред контролираното лица на нередактиран минимум тврдење или докази. Од друга страна доколку имало, нередактираниот минимум би можел, во зависност од околностите да биде исполнет со обелоденување на онолку малку информации колку што биле обелоденети во случајот на АФ каде навистина биле малку. (5) Дали расправата би била неправедна зависело од сите околности, вклучително и природата на случајот, какви чекори биле преземени за да се објаснат деталите од тврдењата на контролираното лице за тој да може да предвиди каков би можел да биде материјалот во поткрепа, какви чекори биле преземени за да се сумира запечатениот материјал во поткрепа без да се откријат имињата, датумите и местата, природата и содржината на материјалот што не се обелоденува, колку ефективно специјалниот застапник можел да го смени во име на контролираното лице и каква разлика би направил или би можел да направи неговото обелоденување. (6) При разгледувањето дали отвореното обелоденување на контролираното лице може да направи разлика во однос на одговорот дали имало разумен основ за сомнеж дека контролираното лице е или било вмешано во терористичка активност судот морал да ги има во целост на ум проблемите за контролираното лице и специјалните застапници и да ги земе во предвид сите околности на случајот вклучително што ако некоја информација отворено се обелодени и колку делотворни специјалните застапници можеле да бидат. Коректниот пристап и тежината што треба да се даде на некој одреден фактор би зависеле од конкретните околности. (7) Немало ригидни принципи. Што било правично во основа било прашање за судијата во чија одлука Апелациониот суд многу ретко би се мешал.
III. ДОМАШЕН И МЕЃУНАРОДЕН КОМЕНТАР ВО ОДНОС НА ДЕЛОТ 4 ОД ЗАКОНОТ ОД 2001 ГОДИНА
А. Њутоновиот комитет
98. Делот 4 од Законот од 2001 г. уредува формирање на Комитет на тајни советници за да го разгледуваат неговото ункционирање. Комитетот под претседателство на лордот Њутон поднел извештај во декември 2003 г. Евидентирајќи го аргументот на Министерството за внатрешни дека заканата од тероризам од Ал Каеда главно доаѓала од странци, извештајот на Њутоновиот комитет упатува на:
„прибирање на докази дека ова не е повеќе случај. Британските бомбаши самоубици кои го нападнале Тел Авив во мај 2003 г., Ричард Рид (‘бомбашот со чевел’), и неодамнешните апсења упатувале дека заканата од британски граѓани е реална. Речиси 30% од осомничените според Законот за тероризам од 2000 г. во изминатата година биле Британци. Кажано ни е дека од лицата што се предмет на интерес на властите заради нивната осомничена вмешаност во меѓународен тероризам речиси половината се британски државјани.“
Имајќи ги на ум овие докази Њутоновиот комитет забележал дека не само што имало принципиелни аргументи против дискриминирачките одредби, туку исто така имало обврзувачки аргументи на лимитирана ефикасност во справувањето со терористичката закана. Њутоновиот комитет затоа побарал под итно да се донесе нов закон кој би се справил со терористичката закана без дискриминација по основ на државјанството и кој не би имал потреба од дерогација од членот 5 од Конвенцијата.
99. Во февруари 2004 г. Владата го објавила својот одговор на извештајот на Њутоновиот комитет. Таа и понатаму сметала дека терористичката закана „доминантно, но не исклучиво доаѓала од странски државјани“ и ја направила следнава забелешка во врска со сугестијата на Њутоновиот комитет дека контра-терористичките мерки треба да се применуваат за сите лица без предрасуда и без разлика на нивното државјанство:
„Иако би било можно да се бараат други овластувања за да се притворат британски државјани кои би можеле да бидат инволвирани во меѓународен тероризам, тоа би било многу тежок чекор. Владата верува дека такви драконски овластувања би биле тешки да се оправдаат. Од искуство може да се согледаат опасностите од таквиот пристап и штетата што може да и ја нанесе на кохезијата на заедницата и со тоа на поддршката од сите делови од јавноста која е толку важна во борбата против заканата од тероризам“.
Владата исто така посочи дека работата е во тек во обидот да се воспостават рамковни договори со потенцијални земји како дестинација за потребите за депортирање на осомничените терористи.
Б. Заедничкиот парламентарен комитет за човекови права
100. Заедничкиот комитет има уставна одговорност во Обединетото Кралство за проверка на законите за да обезбеди дека тие се компатибилни со правата од Конвенцијата. Во својот Втор извештај од сесијата 2001-2002, изготвен наскоро после објавувањето на Нацрт законот кој стана Законот од 2001 г. Заедничкиот комитет ја изрази својата загриженост заради дискриминирачките последици од предложените мерки на следниов начин:
„38. Второ, потпирајќи се на имиграциската регулатива која треба да предвиди притворот за осомничените меѓународни терористи, Нацрт законот ризикува дискриминација со овластувањето на притворот без обвинение за оние осомничени меѓународни терористи кои се предмет на имиграциска контрола и оние што имаат безусловно право да останат во Обединетото Кралство. Нас не загрижува тоа дека ова може да доведе до дискриминација во уживањето на правото на слобода врз основ на државјанство. Доколку тоа не може да се покаже дека има објективно, рационално и сразмерно оправдување, тоа може да доведе до дејствија кои не би биле компатибилни со членот 5 од ЕКЧП, било земен поединечно или во комбинација со правото да се биде ослободен од дискриминација во уживањето на правата од Конвенцијата согласно членот 14 од ЕКЧП. Тоа исто така може да води кон повреди на правото да се биде ослободен од дискриминација согласно членот 26 и правото на слобода согласно членот 9 од МСГПП.
39. Ова прашање го поставивме и пред секретарот за внатрешни работи при усните искази. Земајќи го во предвид неговиот одговор ние не сме убедени дека ризикот од дискриминација врз основа на државјанството во одредбите од Делот 4 од Нацрт законот доволно се земени во предвид.“
Во Шестиот извештај од 2003-2004 сесијата (23 февруари 2004) Заедничкиот комитет изразил длабока загриженост „заради импликациите по човековите права со тоа што овластувањето за притвор станал дел од Законот за имиграција наместо од Законот за борба против тероризам“ и предупредил за „значителен ризик дека Делот 4 го повредува правото да се биде слободен од дискриминација согласно членот 14 од ЕКЧП.“ По Извештајот на Њутоновиот комитет и елаборатот на државниот секретар објавен како одговор на него, Заедничкиот комитет се навратил на ова прашање во Осмиот извештај од 2003-2004 сесијата (21 јули 2004), параграфи 42-44.
„42. Елаборатот ги одбива препораките на Њутоновиот извештај дека новата законска регулатива што ќе го замени Делот 4 [од Законот од 2001 г.] треба да се примени подеднакво за сите државјани вклучително и британските. Тој ја посочува увереноста на Владата дека може да се одбрани разликата меѓу странските и британските државјани заради нивните различни права и обврски.
43. Ние постојано ја изразуваме нашата загриженост дека одредбите од Делот 4 [од Законот од 2001 г.] неоправдано дискриминира по основ на националност и затоа со него се прекршува членот 14 од ЕКЧП. Заедно со Лордот Њутон сметаме дека е чудно дека елаборатот тврди дека да се бара истото овластување за притворање на британски државјани би претставувало ‘многу сериозен чекор’ и дека ‘таквото драконско овластување би било тешко да се оправда.’
44. Интересите во прашање за странските и британските државјани се исти: нивните фундаментални права на слобода согласно членот 5 од ЕКЧП и релевантните процедурални права. Членот 1 од ЕКЧП бара од Државите да им ги обезбеди на сите во рамките на својата јуриздикција правата од Конвенцијата. Членот 14 бара уживањето на правата од Конвенцијата да бидат обезбедени без дискриминација врз основ на државјанство. Објаснувањето на Владата во својот елаборат во врска со својата неспремност да ги бара истите овластувања за државјаните на Обединетото Кралство се чини дека сугерира дека таа ги смета интересите во врска со слободата на странските државјани помалку вредни за заштита отколку истите интереси на државјаните на Обединетото Кралство што е недозволиво според Конвенцијата.“
В. Европскиот комитет за спречување на мачење и нечовечно или понижувачко постапување или казнување („КСТ“)
101. КСТ ги посетил притворените жалители во февруари 2002 г. и повторно во март 2004 г. Во својот извештај објавен на 9 јуни 2005 г. КСТ бил критички настроен против условите во кои биле држени жалителите во затворот Белмарш и болницата Бродмур и известил за наводи за малтретирање од страна на персоналот. Тој утврдил дека режимот во затворот Вудхил бил порелаксиран. КСТ сметал дека здравствената состојба на мнозинството притворени жалители се влошила како резултат на нивниот притвор, особено неговиот неограничен карактер. КСТ во својот извештај изнесува:
„Всушност информациите собрани за време на посетата во 2004 г. откриваат дека властите се изгубени во однос како да управуваат со ваквиот вид на притвореници, затворени без вистинска шанса да бидат ослободени и без неопходната поддршка за спречување на штетните последици од оваа единствена форма на притвор. Тие исто така го нагласуваат ограничениот капацитет на затворскиот систем за задача која тешко може да се помири со нормалните обврски. Претставената цел како одговор на извештајот на КСТ за посетата во февруари 2004 г. да се формулира стратегија за да и се овозможи на Затворската служба да управува на соодветен начин со грижата и притворот на лица држени во согласност со Законот од 2001 г. не е постигната.
Две години откако КСТ ги посети овие притворени лица многу од нив беа во лоша ментална состојба како резултат на својот притвор, а некои исто така беа и во лоша физичка состојба. Притворот предизвикал ментални заболувања кај мнозинството лица притворени според [Законот од 2001] и за оние кои биле подложени на трауматски искуства или дури и мачење во минатото јасно ги разбудиле сеќавањата на тие искуства, па дури довеле и до сериозно повторно појавување на поранешни пореметувања. Траумата од притворот станала уште поштетна за нивното здравје со оглед дека била комбинирана со отсуство на контрола што произлегла од неограничениот карактер на нивниот притвор, големата тешкотија за оспорување на својот притвор и фактот дека не знаеле какви докази се користеле против нив за да се прогласат и/или потврдат нивните прогласувања како лица осомничени за меѓународен тероризам. За некои од нив нивната состојба во времето на посетата можела да се смета дека достигнувала нечовечно и понижувачко постапување.“
102. Владата го објавила својот одговор на Извештајот на КСТ од 2004 г. на 9 јуни 2005 г. Владата силно ги оспорувала тврдењата за малтретирање од страна на затворскиот персонал и посочила дека притворените жалители ги имале на располагање правните лекови според управното и граѓанското право што важат за сите затвореници за да можат да се пожалат на малтретирање. Понатаму во одговорот на Владата се вели:
“Иако Владата ги почитува заклучоците постигнати од делегатите на [КСТ] засновани на она што го забележале на денот на посетата, таа категорички ги отфрла забелешките дека во секој момент за време на својот притвор, со притворениците [според Законот од 2001] било постапувано на ‘нечовечен или понижувачки’ начин кој можел да достигне повреда на меѓународните обврски на Обединетото Кралство во однос на човековите права. Владата цврсто верува дека во секој момент притворениците добивале соодветна нега и лекување во Белмарш и имале пристап до сета неопходна медицинска поддршка, како физичка така и психолошка од медицински персонал и лекари. Владата прифаќа дека лицата имале тешко минато пред притворот, но не прифаќа дека ‘притворот предизвикал ментални заболувања’. Некои од притворениците имале проблеми со менталното здравје пред притворот но тоа не ги спречило да се ангажираат околу активности кои довеле до тоа да им се издаде сертификат и да бидат притворени Проблемите со менталното здравје не го спречуваат едно лице да претставува ризик по националната безбедност.
...
Владата не прифаќа дека оние што добиле сертификат според [Законот од 2001] биле притворени без можност да бидат ослободени. ...
...
Во ниедна прилика СКЖИП или некој друг суд не утврдил дека условите на притворот ја повредиле апсолутната обврска што и се наметнува на Владата со членот 3 од [Конвенцијата]. Владата смета дека со оглед на опширните судски заштити за притворениците, владата не би можела да го задржи притворот на овие лица доколку овластувањата на било каков начин ги прекршувале правата согласно членот 3. Да се сугерира нешто друго би значело да се игнорира опсежниот контакт што притворениците го имале со британскиот судски систем и апсолутната обврска на судството да го заштити секој од секаков вид на повреда.“
Г. Европскиот комесар за човекови права
103. Во август 2002 г. Европскиот комесар за човекови права при Советот на Европа го објави своето мислење во однос на одредени аспекти на дерогацијата на Обединетото Кралство од членот 5 од Конвенцијата и Делот 4 од Законот од 2001 г. Во тоа Мислење тој изречно го критикува отсуството на доволно проверка од страна на Парламентот на дерогативните одредби и прашува дали природата на заканата од Ал Каеда била оправдана основа за утврдување на кризна состојба која се заканува по животот на нацијата:
„Иако ја сфаќа обврската на владите да ги заштитат своите граѓани од заканата од тероризам, Комесарот смета дека општите апели во однос на зголемениот ризик од терористичка активност после 11 септември 2001 г. не може сами по себе да бидат доволни за да оправдаат отстапување од Конвенцијата. Неколку европски земји кои одамна се соочени со постојана терористичка активност не сметале дека е неопходно да отстапат од правата на Конвенцијата. Ниту пак некоја од нив сметала дека е неопходно да го сторат во актуелните околности. Затоа ќе мора да се покажат деталните информации кои укажуваат на вистинска и блиска опасност по јавната сигурност во Обединетото Кралство.“
Комесарот продолжува, упатувајќи на шемата со притворот според Делот 4 од Законот од 2001 г.:
„Што се однесува до применливоста на овие мерки само за странци кои не можат да се депортираат може да се чини исто така дека тие се движат по двонасочна правда каде се применуваат различни стандарди за човековите права за странци и за државјани.“
104. На 8 јуни 2005 г. Комесарот објавил извештај кој произлегол од неговата посета на Обединетото Кралство во ноември 2004 г. Тој конкретно упатува на одлуката на Домот на лордовите во случајот на жалителите и го забележува фактот дека Владата не се обидела да ги разгледа релевантните одредби од Законот од 2001 г. во март 2005 г. Тој ја поздравил одлуката на Домот на лордовите која кореспондирала со неговото претходно објавено мислење и исто така го поздравил ослободувањето на жалителите, нагласувајќи дека како резултат на неговата посета тој бил во можност лично да посведочи за „крајно влошената психичка состојба на многумина од нив“. Како резултат на интервјуа кои ги направил меѓу другите и со секретарот за внатрешни работи, лордот советник, врховниот обвинител, лордот главен судија и директорот на Јавното обвинителство, комесарот исто така го изразил заклучокот за достапноста според правото на Обединетото Кралство на алтернативни мерки за борба против заканата од тероризам:
„Со терористичката активност не само што мора туку и може да се бори во рамките на гаранциите за човековите права, кои точно предвидуваат балансирање по прашањата на националната безбедност, индивидуалните права и јавниот интерес и дозволуваат употреба на сразмерни специјални овластувања. Она што е неопходно е чување на редот и мирот со добри ресурси на располагање, меѓународна соработка и силна примена на законот. Треба да се забележи во овој контекст дека со Законот за тероризам од 2000 г. Обединетото Кралство веќе го има едно од најтврдите и најсеопфатни антитерористички закони во Европа.“
Д. Комитетот на Обединетите нации за елиминирање на сите форми на расна дискриминација
105. Заклучните забелешки на Комитетот во врска со Обединетото Кралство со датум од 10 декември 2003 г. во параграфот 17 вели:
„17. Комитетот е длабоко засегнат со одредбите од Законот за борба против тероризам, криминал и за безбедност кој предвидува неограничен притвор без обвинение или судење, во исчекување на депортирање, на лица кои не се државјани на Обединетото Кралство осомничени за терористички активности.
Иако ги согледува грижите на државата потписничка во врска со националната безбедност, Комитетот препорачува земјата потписничка да се обиде да ги избалансира тие грижи со заштитата на човековите права и нејзините правни обврски. Во оваа насока Комитетот го насочува вниманието на земјата потписничка на својата изјава од 8 март 2002 година во која тој ја нагласува обврската на земјите ‘да обезбедат мерките што се преземаат во борбата против тероризмот да не дискриминираат намерно или како последица врз основа на раса, боја, потекло или национално или етничко потекло.“
IV. ДРУГИ РЕЛЕВАНТНИ МАТЕРИЈАЛИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА
А. Резолуцијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа 1271 (2002)
106. На 24 јануари 2002 г. Парламентарното собрание на Советот на Европа ја усвои Резолуцијата 1271 (2002) во која во параграф 9 е одлучено дека:
„Во својата борба против тероризмот членките на Советот на Европа не треба да предвидуваат никакви дерогации од Европската конвенција за човекови права.“
Исто така ги повикува сите земји членки (параграф 12):
„да се воздржуваат од примената на членот 15 од Европската конвенција за човекови права (дерогација во време на кризна состојба) за да се ограничат правата и слободите гарантирани согласно нејзиниот член 5 (правото на слобода и безбедност).“
Освен Обединетото Кралство ниедна друга земја членка не избра да отстапи од членот 5 § 1 по 11 септември 2001 г.
Б. Комитетот на министри на Советот на Европа
107. По својот состанок на 14 ноември 2001 г. на кој требаа да разговараат на тема „Демократии соочени со тероризам“(CM/AS(2001) Rec 1534), Комитетот на министри на 11 јули 2002 г. усвои „Насоки за човековите права и борбата против тероризмот“, кои меѓу другото уредуваат:
„I. Обврска на државите за заштита на сите од тероризам
Државите се обврзани да преземат мерки што се потребни за заштита на фундаменталните права на сите во рамките на својата јуриздикција од терористички акти, особено правото на живот. Оваа позитивна обврска целосно ја оправдува борбата на државите против тероризмот во согласност со актуелните насоки.
II. Забрана на своеволност
Сите мерки преземени од државите за борба против тероризмот мора да ги почитуваат човековите права и принципи на владеење на правото, и при тоа да се исклучи секаква форма на своеволност, како и секакво дискриминирачко или расистичко постапување и да се подложат на соодветен надзор.“
В. Европската комисија против расизам и нетрпеливост („ЕКРН“)
108. Во својата Општа политичка препорака на бр. 8 за спречување на расизам во рамките на борбата против тероризам објавена на 8 јуни 2004 г. ЕКРН ја разгледала обврската на државата да се бори против тероризмот; нагласила дека реакцијата сама по себе не треба да ги повредува вредностите на слободата, демократијата, правдата, владеењето на правото, човековите права и хуманитарното право; нагласила дека борбата против тероризмот не треба да стане изговор со кој ќе се дозволи да цвета расната дискриминација; забележала дека борбата против тероризмот по 11 септември 2001 г. во некои случаи резултирала со усвојување на дискриминирачко законодавство, засновано на државјанство, национално или етничко потекло и религија; ја нагласила одговорноста на земјите членки да обезбедат дека борбата против тероризмот нема да има негативни последици по ниедна малцинска група; и препорачала државите:
„да ги разгледаат законите и регулативата усвоена во врска со борбата против тероризмот за да се обезбеди тие да не дискриминираат директно или индиректно против лица или групи на лица, имено по основ на ‘раса’, боја, јазик, државјанство или национално или етничко потекло и да ги укинат сите слични законски регулативи.“
V. ПОИМОТ НА „КРИЗНА СОСТОЈБА“ СОГЛАСНО ЧЛЕНОТ 4 ОД МЕЃУНАРОДНАТА СПОГОДБА ЗА ГРАЃАНСКИ И ПОЛИТИЧКИ ПРАВА („МСГПП“)
109. Членот 4(1) од МСГПП го вели следново:
„Во време на кризна состојба која се заканува по животот на нацијата и чие постоење официјално е прогласено, земјите потписнички на Спогодбата може да преземат мерки кои отстапуваат од нивните обврски според актуелната Спогодба до мерката строго неопходна заради итноста на состојбата, под услов таквите мерки да не се неконзистентни со другите нивни обврски според меѓународното право и да не вклучуваат дискриминација исклучиво врз основа на раса, боја пол, јазик религија или социјално потекло.“
Во пролетта на 1984 г. група од 31 експерти по меѓународно право собрани од Меѓународната комисија на правници, Меѓународното здружение за казнено право, Американското здружение за Меѓународната комисија на правници, Урбан Морган институтот за човекови права и Меѓународниот институт за високи студии по криминологија, се состанале во Сиракуза, Италија да ја разгледаат меѓу другото гореспоменатата одредба. Параграфите 39-40 од „Принципите од Сиракуза за одредбите во врска со ограничувањето и дерогацијата во Меѓународната спогодба за граѓански и политички права“ декларираат под насловот „Кризна состојба која се заканува по животот на нацијата“ дека:
„39. Една земја потписничка може да преземе мерки што отстапуваат од нејзината обврска според Меѓународната спогодба за граѓански и политички права согласно членот 4 (во понатамошниот наречени ‘мерки на дерогирање’) само кога е соочена со состојба од вонредна и реална или блиска опасност која се заканува по животот на нацијата. Закана по животот на нацијата е онаа што:
(а) има последици по целокупното население и/или целата или дел од територијата на државата, и
(б) се заканува по физичкиот интегритет на населението, политичката независност или територијалниот интегритет на државата или постоењето или основното функционирање на институции кои се незаменливи во обезбедувањето и заштитата на правата признати со Спогодбата.
40. Внатрешен конфликт и немири коишто не претставуваат сериозна и блиска опасност по животот на нацијата не можат да оправдаат дерогации согласно членот 4.“
Принципите од Сиракуза продолжуваат во параграфот 54:
„54. Принципот на строга неопходност ќе се примени на објективен начин. Секоја мерка ќе биде водена од реална, јасна, присутна или блиска опасност и не може едноставно да се наметне заради страв од потенцијална опасност.“
110. Комитетот на Обединетите нации за човекови права во „Општиот коментар бр. 29 за членот 4 од МСГПП (24 јули 2001 г.) во став 2 забележува дека:
„Мерки што дерогираат од одредбите на Спогодбата мора да бидат од вонредна или привремена природа.“
VI. ДРУГИ МАТЕРИЈАЛИ ВО ВРСКА СО НЕОБЕЛОДЕНУВАЊЕТО НА ДОКАЗИ ВО СЛУЧАИ ШТО СЕ ОДНЕСУВААТ НА НАЦИОНАЛНАТА БЕЗБЕДНОСТ
111. Во случајот Чаркаоуи против министерот за државјанство и имиграција (Charkaoui v Minister of Citizenship and Immigration [2007] 1 SCR 350), врховниот судија МекЛаклин за Врховниот суд на Канада забележал (§ 53):
„И за крај, но не помалку важно, една правична расправа бара погоденото лице да биде информирано за случајот што се води против него или неа и да му биде дозволено да одговори.“
Тоа право не било апсолутно и можело да биде ограничено на интересите на националната безбедност (§§ 57-58) но (§ 64):
“... Затоа судијата не е во позиција да го надомести отсуството на информирано испитување, оспорување и спротивставени докази што едно лице запознаено со случајот може да ги обезбеди. Таквата проверка е и целата поента на принципот дека едно лице чија слобода е во опасност мора да е запознаено со случајот за да одговори. Овде тој принцип не е само чисто ограничен; туку е ефективно уништен Како некој може да одговори на еден случај ако не е запознаен со истиот?“
112. Во Хамди против Рамсфелд (Hamdi v Rumsfeld 542 US 507 (2004)) судијата О’Конор пишувајќи во име на мнозинството на Врховниот суд на САД вели (p. 533):
“Затоа ние одлучивме дека еден граѓанин што е притворен и кој се обидува да го оспори неговото класифицирање како непријателски борец мора да добие известување за фактичката основа за ваквата класификација и фер шанса да ги побие фактичките тврдења на Владата пред неутрално тело што одлучува [цитирано извор]. ‘Повеќе од еден век централното значење на процедурално достигнатиот процес е јасно: странките чии права ќе бидат погодени имаат право да бидат сослушани; а за да можат да го уживаат тоа право тие најпрво мора да бидат известени ...’ Овие суштински уставни ветувања не може да еродираат.“
113. Комесарот за човекови права на Советот на Европа во параграф 21 од својот извештај од 8 јуни 2005 г. (види во параграф 104 горе) и Заедничкиот парламентарен комитет за човекови права (види во параграф 100 горе) во параграф 76 од својот Дванаесетти извештај од Сесијата 2005-2006 (HL Paper 122, HC 915) имале проблем да прифатат дека расправата може да биде правична кога неповолната одлука може да се базира на материјал кој контролираното лице нема ефективна шанса да го оспори или побие.
ПРАВОТО
I. НАВОДНИ ПОВРЕДИ НА ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА И ЧЛЕН 13 РАЗГЛЕДАН ЗАЕДНО СО ЧЛЕНОТ 3
114. Жалителите тврделе дека нивниот притвор според Делот 4 од Законот од 2001 г. ги прекршувал нивните права согласно членот 3 од Конвенцијата кој уредува:
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.“
Тие понатаму се жалеле дека биле лишени од делотворен правен лек за нивните жалби согласно членот 3 со што бил повреден членот 13 од Конвенцијата кој вели:
„Секој човек, чии права и слободи признати со оваа Конвенција се нарушени, има право на делотворен правен лек пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност.“
А. Изјаснување на странките
1. Жалителите
115. Жалителите нагласиле дека секој од нив бил во Обединетото Кралство бидејќи немале можност за безбедно засолниште во нивната сопствена земја или на некое друго место, Првиот жалител бил Палестинец без државјанство и немал каде да оди. Неколкумина искусиле мачење пред да дојдат во Обединетото Кралство. Според Законот од 2001 г. тие биле ставени во позиција да избираат меѓу услови на притвор кој им бил неиздржлив и да ризикуваат постапување од кое можеле да страдаат доколку се согласеле да бидат депортирани. Исто така нивното претходно искуство и претходни ментални и физички проблеми ги правеле особено ранливи на лошите последици од своеволниот притвор. Дискриминацијата од која страдале со оглед дека само странски државјани биле подложени на притвор според Законот од 2001 г. само го зголемила нивното страдање.
116. Притворот со високо ниво на безбедносни мерки во затворот Белмарш и болницата Бродмур биле несоодветни и штетни по нивното здравје. Меѓутоа уште поважна е што неопределената природа на притворот без крај на повидок и неговото реално долго траење само го зголемило претераното страдање покрај она вообичаеното во притвор. Ова било дополнето од други невообичаени аспекти на режимот како што се тајната природа на доказите против нив. Фактот дека индиферентноста на властите на состојбата на жалителите била санкционирана од парламентарен статут не го олеснил нивното страдање.
117. Земени заедно овие фактори кај жалителите предизвикале интензивен степен на страдање. Медицинските докази и извештаи на КСТ и групата на психијатари консултанти (види во параграфите 101 и 76 горе) демонстрирале дека режимот на притворот исто така им наштетил или сериозно претставувал ризик да им наштети на сите нив и во случајот на првиот, петтиот, седмиот и десеттиот жалител тоа го направил во голема мерка.
118. Жалителите тврделе дека овластувањето на СКЖИП да одобрат кауција делотворно не функционирало за време на периодот кога биле притворени: најпрво затоа што опсегот на правниот лек бил јуриздикциски нејасен; второ бидејќи процедурата подложела на одлагање; трето бидејќи прагот за доделување на кауција бил многу висок. За еден жалител да добие кауција требало да прикаже „огромна веројатност“ дека неговиот континуиран притвор би довел до физичко или ментално влошување од таков размер што може да претставува нечовечно и понижувачко постапување спротивно од членот 3. Јуриздикцијата била опишана како “исклучок“, за која било потребно „околностите да бидат екстремни“. Дури и тогаш единствениот достапен правен лек бил да се замени притворот со домашен притвор (види во параграф 78 горе).
2. Владата
119. Владата отфрли дека правата на жалителите согласно членот 3 биле повредени. Тие посочија дека СКЖИП и Апелациониот суд ги отфрлиле жалбите на жалителите согласно членот 3 и дека Домот на лордовите не утврдиле дека било неопходно да ги разгледаат (види во параграфите 15, 16 и 22 горе).
120. Притворот без обвинение сам по себе не бил спротивен на членот 3 и по многу точки бил дозволен согласно членот 5 § 1. Притворот бил неутврден но не неограничен. Законот останал на сила само пет години и бил подложен на годишни ревизии од обата дома на Парламентот. Притворот на секој жалител зависел од неговите поединечни околности и колку тие и понатаму биле оправдани, вклучително и степенот на закана по националната безбедност која тој ја претставувал и можноста да биде депортиран во безбедна земја, а секои шест месеци подложел на ревизија од СКЖИП. Секој жалител бил информиран за причината за сомнежот против него и му биле дадени колку што можело повеќе од фундаменталните докази и имал право на колку што било можно поправична постапка за оспорување на основот за неговиот притвор. Исто така СКЖИП можела доколку имало потреба да му одобри кауција. Жалителите затоа не биле притворени без надеж да бидат ослободени: напротив имало шанса да се побара ослободување заедно со задолжителна ревизија од судот за да се обезбеди притворот да остане законски и сразмерен во сите околности. Исто така останало отворено за жалителите да го напуштат Обединетото Кралство, како што избрале вториот и четвртиот жалител.
121. За жалителите се проценило дека претставуваат сериозна закана по националната безбедност и соодветно на тоа биле чувани во услови со високо ниво на обезбедување, кои не биле нечовечни или понижувачки. Секој добил соодветно лекување за своите физички и ментални проблеми и индивидуалните околности на секој жалител, вклучувајќи го и неговото ментално здравје, биле земени во предвид при утврдувањето каде тој треба да биде чуван и дали тој треба да биде ослободен со кауција. Во Затворот на НВ Вудхил било формирано специјално одделение кое жалителите одбиле да го користат (види во параграфот 71 горе).
122. До нивото до кое жалителите се потпирале во своите поединечни услови на притвор и своите лични околности тие не ги искористиле домашните правни лекови затоа што не се обиделе да оспорат сè што можеле. Секоја конкретна жалба за условите на притворот можела да биде предмет на посебно законско оспорување. Затворските власти подложеле на условите од Законот од 1998 г. (види во параграф 94 горе) и имале обврска согласно членот 6(1) да дејствуваат во согласност со правата на жалителите што биле во нивна надлежност согласно членот 3. Што се однесува до жалбите на жалителите согласно членот 3 тие биле засновани на неутврдената природа на нивниот притвор, што било предвидено со примарниот закон (Дел 4 од Законот од 2001 г.), а членот 13 не го внел правото на оспорување во домашен суд, намерен избор изразен од законодавецот.
Б. Оценка на Судот
1. Допуштеност
123. Судот забележува дека вториот жалител бил сместен во притвор според Делот 4 од Законот од 2001 г. на 19 декември 2001 г. и дека бил ослободен на 22 декември 2001 г. по неговата доброволна одлука да се врати во Мароко (види во параграф 35 горе). Затоа со оглед дека бил притворен само неколку дена и бидејќи немало докази дека во тоа време страдал од некаква тешкотија освен самиот факт на притворување, неговата жалба согласно членот 3 е очигледно погрешно заснована во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата.
Со оглед дека членот 13 бара обезбедување на домашен правен лек во однос на „жалби поддржани со аргументи“ според Конвенцијата (види, на пример Ramirez Sanchez v. France [GC], no. 59450/00, § 157, ECHR 2006-IX), следи дека жалбата на вториот жалител согласно членот 13 исто така е очигледно лошо заснована.
Затоа обете овие жалби на вториот жалител мора да бидат прогласени за недопуштени.
124. Судот ги забележува тврдењата на Владата дека постоел правен лек достапен на жалителите според Законот 1998 г. кој тие пропуштиле да го искористат. Меѓутоа со оглед дека жалителите се жалат согласно членот 13 дека правните лекови што им биле на располагање во врска со нивните жалби согласно членот 3 биле неделотворни, Судот смета дека е неопходно да се земе во предвид приговорот на Владата во врска со неисцрпувањето, заедно со основаноста на жалбите согласно членовите 3 и 13.
125. Судот смета дека освен оние на вториот жалител, жалбите на жалителите согласно членот 3 и 13 од Конвенцијата наметнуваат сложени правни и фактички прашања чие утврдување треба да зависи од испитувањето на основаноста. Затоа тој заклучува дека овој дел од жалбата не е погрешно заснована во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата. Ниедно друго прашање за недопуштеност не е поставено и таа мора да се прогласи за допуштена.
2. Основаност
а. Општи принципи
126. Судот е акутно свесен за тешкотиите со кои се соочени државите во заштитата на своите населенија од терористички напади. Затоа е уште поважно да се нагласи дека членот 3 ги поседува едни од најосновните вредности на демократските општества. За разлика од повеќето материјални клаузули на Конвенцијата и Протоколите бр. 1 и 4, членот 3 не предвидува исклучоци и никаква дерогација од него не е дозволена согласно членот 15 § 2 без разлика на постоењето на кризна состојба која се заканува по животот на нацијата. Дури и во најтешките околности како што е борбата против тероризмот, и без разлика на однесувањето на засегнатите страни, Конвенцијата апсолутно забранува мачење и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (Рамирез Санчес, цитиран горе, §§ 115-116)
127. Малтретирањето мора да го достигне минимумот ниво на сериозност за да потпадне под опсегот на членот 3. Проценката на овој минимум зависи од сите околности на случајот, како што се времетраењето на постапувањето, неговите физички или ментални последици и, во некои случаи, полот, возраста и здравствената состојба на жртвата (види, во случајот Kafkaris v. Cyprus [GC], no. 21906/04, § 95, ECHR 2008). Судот го сметаше постапувањето за „нечовечно“ бидејќи меѓу другото било со умисла, применувано со часови и предизвикало или реални телесни повреди или интензивно физичко или ментално страдање. Тој сметаше дека постапувањето било „понижувачко“ бидејќи било такво што требало кај жртвите да предизвика чувства на страв, болка и инфериорност способна да ги омаловажи или да им ја намали вредноста (види, меѓу другите извори, во случајот Kudła v. Poland [GC], no. 30210/96, § 92, ECHR 2000-XI). Во разгледувањето дали казната или постапувањето било „понижувачко“ во рамките на значењето на членот 3 Судот ќе мора да земе во предвид дали неговата цел била да го омаловажи засегнатото лице и дали, што се однесува до последиците, тоа негативно влијаело врз неговата личност на начин што не е компатибилен со членот 3. Меѓутоа, отсуството на таква намера не може неоспорно да го отфрли наодот за повреда на членот 3. За казнувањето или постапувањето поврзано со тоа да биде „нечовечно“ или „понижувачко“, страдањето или понижувањето што се случило мораат да го надминат неизбежниот елемент на страдање или понижување поврзано со одредена форма на законско постапување или казнување (Рамирез Санчез, цитиран горе, §§ 118-119).
128. Кога едно лице е лишено од својата слобода, државата мора да обезбеди тој да е притворен под услови кои се компатибилни со неговото човечко достоинство, а начинот и методот на извршувањето на мерката да не го подложува на болка или мака што го надминува неизбежното ниво на страдање што произлегува од притворот (види во случајот на Кудла, цитиран горе, §§ 92-94). Иако членот 3 не може да се толкува во насока дека наметнува општа обврска за ослободување на затвореници по основ на здравствената состојба, во секој случај наметнува обврска на државата да ја штити физичката и менталната добросостојба на лицата лишени од слобода, на пример со тоа што ќе им се обезбеди потребната медицинска помош (види Hurtado v. Switzerland, judgment of 28 January 1994, § 79 opinion of the Commission, Series A no. 280-A; Mouisel v. France, no. 67263/01, § 40, ECHR 2002-IX; Aerts v. Belgium, judgment of 30 July 1998, § 66, Reports of Judgments and Decisions 1998-V; Keenan v. the United Kingdom, no. 27229/95, § 111, ECHR 2001-III). При оценувањето на условите на притворот, разгледани се кумулативните последици од тие услови, како и конкретните тврдења на жалителот (Рамирез Санчез, цитиран горе, § 119). Наметнувањето на казна затвор на возрасен што не може да се намали, без можност за ослободување, може да наметне прашање согласно членот 3, но кога националното право дава можност за разгледување на доживотната казна со гледиште за нејзино ублажување, намалување, укинување или условно ослободување на затвореникот ова ќе биде доволно (Кафкарис, цитиран горе, §§ 97-98).
Б. Примена на фактите од актуелниот случај
129. Судот забележува дека тројца од жалителите биле држени приближно три години и три месеци додека останатите биле држени пократко. Во текот на голем дел од времетраењето на притворот жалителите не можеле да предвидат кога, ако воопшто некогаш, би биле ослободени. Тие упатуваат на наодите на Заедничкиот психијатриски извештај и тврдат дека неограничената природа на нивниот притвор ги предизвикала или ги влошила сериозните здравствени проблеми на секој од нив. Владата го оспорува овој заклучок и се потпира на Извештајот на д-р Џеј кој ја критикува методологијата на авторите на Заедничкиот извештај (види во параграфите 76-77 горе).
130. Судот смета дека несигурноста во врска со овој став и стравот од неограничен притвор мора несомнено кај жалителите да предизвика голема анксиозност и страдање, како и кај секој еден притвореник во нивната ситуација. Исто така е веројатно дека стресот бил доволно сериозен и траен за да има последици по менталното здравје на некои од жалителите. Ова е еден од факторите кои судот мора да ги земе во предвид кога проценува дали прагот на членот 3 бил достигнат.
131. Меѓутоа не може да се каже дека жалителите немале никаква перспектива или надеж да бидат ослободени (види во случајот на Кафкарис, цитиран горе, § 98). Особено зошто тие можеле да иницираат постапка за оспорување на законитоста на шемата за притвор според Законот од 2001 г. и биле успешни пред СКЖИП, на 30 јули 2002 г., и Домот на лордови на 16 декември 2004 г. Исто така секој од жалителите можел посебно да ја оспори одлуката за неговиот сертификат и СКЖИП била законски обврзана да го разгледа континуираниот случај за притвор секои шест месеци. Судот затоа не смета дека состојбата на жалителите можела да се спореди со доживотна казна без можност за намалување од типот креиран во пресудата на Кафкарис, како некој што може да постави проблем согласно членот 3
132. Жалителите понатаму оспоруваат дека условите во кои биле држени придонеле за неиздржливо ниво на страдање. Судот во оваа насока забележува дека Заедничкиот психијатриски извештај исто така содржел критики во однос на затворскиот здравствен систем и заклучил дела имало несоодветен одговор на сложените здравствени проблеми на жалителите. Ваквата загриженост била повторена и од КСТ кој изнел детални аргументи за условите на притворот и заклучил дека за некои од жалителите „нивната состојба во времето на посетата можела да се смета дека достигнала нечовечно и понижувачко постапување“. Владата силно ги отфрлила овие критики во својот одговор на извештајот на КСТ (види во параграфите 101-102 горе).
133. Судот забележува дека секој од притворените жалители имал на располагање правни лекови кои биле достапни во сите затвори во согласност со управното и граѓанско право за оспорување на условите на притворот, вклучувајќи и секаква наводна несоодветност на медицинскиот третман. Жалителите не се обиделе да ги искористат овие правни лекови и затоа не се придржувале на условите согласно членот 35 од Конвенцијата за исцрпување на домашните правни лекови. Понатаму следи дека Судот не може да ги испита жалбите на жалителите во врска со нивните услови на притворот; ниту како последица да ги земе во предвид условите на притворот во оформувањето на општата оценка на постапувањето со жалителите за потребите на членот 3.
134. Во сите горенаведени околности Судот не утврдува дека притворот на жалителите постигнал висок праг на нечовечно и понижувачко постапување.
135. Жалителите исто така се жалеле дека тие немале делотворни домашни правни лекови за своите жалби по член 3 со што бил повреден членот 13. Во врска со ова Судот ги повторува своите наоди дека правните лекови од граѓанското и управното право биле достапни на жалителите доколку сакале да се жалат на нивните услови на притворот. Што се однесува до фундаменталниот аспект на жалбите, дека самата природа на шемата на притворот од Делот 4 на Законот од 2001 г. упатува на повреда на членот 3, Судот се потсетува дека членот 13 не гарантира правен лек што дозволува оспорување на примарниот закон пред националните власти врз основ дека е спротивен на Конвенцијата (James and Others v. the United Kingdom, judgment of 21 February 1986, § 85, Series A no. 98; Roche v. the United Kingdom [GC], no. 32555/96, § 137, ECHR 2005-X).
136. Затоа како заклучок Судот не утврди повреда на членот 3 разгледан сам или поврзано со членот 13.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
137. Жалителите тврдеа дека нивниот притвор бил незаконски и некомпатибилен со членот 5 § 1 од Конвенцијата.
138. Во својата прва група пишани забелешки, по соопштувањето на жалбата од страна на Судскиот совет, Владата посочи дека нема да се обидат да го постават прашањето на дерогацијата согласно членот 15 од Конвенцијата како одбрана на жалбата согласно членот 5 § 1, туку ќе ја остават таа точка како што е утврдено против нив од Домот на лордовите. Наместо тоа имале намера да го фокусираат аргументот на одбраната на фактот дека жалителите биле законски притворени заради депортирање во рамките на значењето на членот 5 § 1(ѓ).
Меѓутоа, во своите писмени забелешки до Големиот судски совет со датум од 11 февруари 2008 г. Владата за прв пат посочува дека сакале да тврдат дека притворот на жалителите во никој случај не довел до повреда на членот 5 § 1 бидејќи дерогацијата на Обединетото Кралство согласно членот 15 била валидна.
139. Членот 5 § 1 од Конвенцијата уредува, што се однесува до релевантноста:
„1. Секој човек има право на слобода и на безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен во следниве случаи и во согласност со постапка уредена со закон:
...
(ѓ) законското апсење или притвор на лице ... против кое е во тек постапка за депортирање или екстрадиција.“
Членот 15 од Конвенцијата вели:
„1. Во случај на војна или некоја друга кризна состојба која го загрозува животот на нацијата, секоја Висока договорничка страна може да презема мерки кои отстапуваат од обврските предвидени со [оваа] Конвенција, и тоа строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата и под услов таквите мерки да не бидат во спротивност со другите свои обврски што произлегуваат од меѓународното право.
2. Во оваа одредба не се дозволува никакво отстапување од членот 2, освен во случај на смрт настаната како последица на дозволени воени операции, како и од членовите 3, 4 (§ 1) и 7.
3. Секоја Висока договорничка страна, која го користи ова право на дерогација, е должна, за преземените мерки и за причините за нивното преземање, целосно да го информира генералниот секретар на Советот на Европа. Таа, исто така, е должна да го извести генералниот секретар на Советот на Европа кога престанала важноста на таквите мерки и повторно почнала целосната примена на одредбите од Конвенцијата.“
А. Изјаснување на странките
1. Жалителите
140. Жалителите приговараа дека пред домашните судови Владата не се обидела да тврди дека тие биле притворени како „лице[а] против кои се преземени дејствија за депортирање или екстрадиција“, туку наместо тоа се повикувала на дерогацијата во согласност со членот 15. Во овие околности жалителот оспорувал дека била злобно и спротивно на принципот на супсидијарност Владата да поднесе нов аргумент пред Судот и дека треба да бидат сопрени да не го правот тоа.
141. Во случајов Судот сметаше дека би можел да го земе во предвид изјаснувањето на Владата, на што жалителите нагласија дека гаранцијата во членот 5 била од фундаментална важност и исклучоците морале строго да бидат анализирани. Кога, како во овој случај, депортирањето не било можно заради ризикот од постапување спротивно на членот 3 во земјата примател, членот 5 § 1(ѓ) немало да одобри притвор, без разлика дали лицето претставувало ризик по националната безбедност. Чистото постоење на можноста за депортирање не претставувало „дејствие ... преземено заради депортирање“; тоа било дејствие кое не било поврзано со ниедна форма на постапка за депортирање што може да го направи депортирањето можно во иднина. Притворот заснован на такво нејасно и неспецифично „дејствие“ би било своеволно. Исто така било јасно дека за време на периодите кога случаите на жалителите биле разгледувани од СКЖИП по жалба (јули 2002-октомври 2003), ставот на Владата бил дека тие не можеле да бидат депортирани во согласност со членот 3 и дека не смеело да се направи обид за преговори со предложените држави приматели што би резултирале со депортирање. Затоа и всушност Владата не ја одржувала можноста за депортирање на жалителите „под активно разгледување“.
142. Жалителите понатаму продолжиле дека било злобно од Владата, толку доцна во постапката пред Големиот судски совет да ја оспорува одлуката на Домот на лордовите со која дерогацијата била укината. Според гледиштето на жалителот би било неконзистентно со членот 19 и принципот на супсидијарност Владата да побара од Судот да ги разгледа наводните грешки во фактот или правото направени од националните судови на самата Влада. Пристапот на Владата во оспорувањето на наодите на сопствениот врховен суд во врска со законската регулатива која Парламентот избрал да ја укине имала за цел да ги ограничи признатите човекови права според домашното право и со тоа биле во конфликт со членот 53 од Конвенцијата. Со оглед дека законската регулатива била укината, а дерогацијата повлечена, Владата се обидела да добие од Судот советодавно мислење на кое евентуално би се потпрела во некоја подоцнежна фаза. Ако и се дозволело на Владата да продолжи со тоа, значително би се влијаело врз правото на индивидуална молба согласно членот 34 со одвраќање на жалителите да се жалат заради страв дека Владите би се обидела да ги осуети одлуките на сопствените врховни судови.
143. Во случај ако Судот одлучел да ја разгледа законитоста на дерогацијата, жалителите оспоруваа дека на Владата не треба да и биде дозволено да се потпира на аргументи кои не ги имале упатено пред домашните судови. Ова го вклучуваше најпрво тврдењето дека било оправдано да се притворат осомничени терористи кои не се државјани, додека државјаните биле исклучени од таквите мерки заради интересот да се негува лојалноста на нејзините граѓани Муслимани, наместо да се изложат на закана од притвор и ризик дека со тоа би станале радикализирани, и второ аргументот дека употребата на овластувањата за притвор против странски државјани ослободувало ресурси на органите за прогон да се концентрираат на државјаните на Обединетото Кралство. Со оглед дека Владата барала да се воведат овие оправдувања за дерогацијата кои никогаш порано не биле упатени пред домашните судови, од Судот се побара да делува како првостепен суд по крајно контроверзни прашања.
144. Повторно, доколку Судот одлучел да ја испита законитоста на дерогацијата немало причина да се посочи некоја посебна разлика во наодите на националните судови во однос на прашањето дали имало кризна состојба во рамките на значењето на членот 15. Во изјаснувањето на жалителите немало никакви судски преседани да се признае дека недефиниран страв од терористички напад којшто не бил деклариран како близок, бил доволен. Сите примери во јуриспруденцијата на Конвенцијата се поврзани со дерогации кои биле воведени во борбата со тековен тероризам кој сосема јасно ја ставала во опасност целата инфраструктура во Северна Ирска или Југоисточна Турција. Домашните власти погрешно го протолкувале членот 15 како дозвола за дерогација кога заканата не е неопходно насочена против Обединетото Кралство, туку наместо тоа против други нации со кои е во сојуз.
145. Во секој случај усвојувањето на Делот 4 од Законот од 2001 г. и овластувањето содржано во истиот да се притворат странски државјани на неодредено време без обвинение не било строго барано од итноста на состојбата“, како што утврдил Домот на лордовите. Оспорените мерки не биле рационално поврзани со потребата за спречување на терористички напад врз Обединетото Кралство и тие вклучувале неоправдана дискриминација по основ на државјанство. СКЖИП – кои имале увид и во запечатениот и во отворениот материјал во однос на тоа прашање – заклучила дека имало многу докази дека британски државјани претставувале доста голема закана. Не може да постои основ за да се одлучи дека основното право на слобода било помалку важно за некој што не е државјанин отколку за некој што е. Странци уживале во право на еднакво постапување надвор од контекстот на имиграцијата и политичката активност како прашање на добро воспоставено домашно, на Конвенцијата и јавно меѓународно право. Имаше и други помалку наметливи мерки кои можеле да се применат за да се одговори на заканата, на пример, примена на налози за контрола како што е утврдено со Законот за спречување на терористички акт од 2005 г.; креирање на дополнителни кривични дела за да се дозволи гонење на лица инволвирани во подготовка на терористички активности; или подигнувањето на забраната за употреба на материјал добиен со пресретнување на комуникации при кривични постапки.
2. Владата
146. Владата оспори дека државите имале основно право според меѓународното право да го контролираат влезот, престојот и протерувањето на странци. Јасна формулација ќе е потребна за да се оправда заклучокот дека државите договорнички имале намера преку Конвенцијата да се откажат од својата способност да се заштитат од ризикот по националната безбедност што доаѓа од лица што не се државјани. Кажано со обичен јазик „дејствија што се преземаат во однос на депортирање“ се однесуваат на ситуација каде Државата договорничка сакала да депортира странец, активно ја разгледувала таа можност и се воздржувала тоа да го стори само заради непредвидливи, неповрзани околности. Во Чахал, цитиран горе, период на притвор од над шест години, вклучувајќи и над три години кога жалителот не можел да биде отстранет заради привремени мерки побарани од Комисијата, беше одлучено дека биле прифатливи согласно членот 5 § 1(ѓ).
147. На секој жалител му било врачено Известување за намера за депортирање во исто време кога добил сертификат согласно Законот од 2001 г. Вториот и четвртиот жалител избрале да заминат за Мароко и Франција, последователни, и им било дозволено да заминат од Обединетото Кралство веднаш штом тоа можело да биде организирано, така што во однос на нив не можело да се поднесе ништо согласно членот 5 § 1. Можноста за депортирање на други жалители се држела под активно разгледување во текот на траењето на нивниот притвор. Ова вклучувало следење на ситуацијата во нивните земји на потекло. Исто така од крајот на 2003 г. понатаму Владата била во преговори со Алжир и Јордан, со намера да потпишат меморандуми за разбирање дека жалителите кои биле државјани на тие земји немало да бидат малтретирани доколку бидат вратени.
148. Владата се потпирала на принципот на правична рамнотежа кој е во основата на целата Конвенција и сметала дека потставот (ѓ) од членот 5 § 1 морал да биде протолкуван така што би се воспоставила рамнотежа меѓу интересите на поединецот и интересите на Државата во заштитата на нејзиното население од злонамерни странци. Притворот ја постигнал таа рамнотежа со унапредување на легитимната цел на Државата да обезбеди заштита на населението без да го жртвува доминантниот интерес на странецот да избегне враќање во место каде што би бил соочен со мачење или смрт. Правичната рамнотежа дополнително била сочувана со тоа што на странецот ќе му се обезбедат соодветни заштити против своеволна примена на овластувањата за притвор во случаи на национална безбедност.
149. Од друга страна притворот на жалителите не претставувал повреда на Конвенцијата заради дерогацијата согласно членот 15. Постоела кризна состојба која се заканувала по животот на нацијата во релевантното време. Таа проценка била подложена на целосна проверка од страна на домашните судови. Доказите што го поддржувале тоа, како отворени така и запечатени, биле разгледани од СКЖИП во детали, при што од посебна корист биле усните расправи на кои сведоците биле вкрстено испитувани. СКЖИП едногласно ја поддржал проценката на Владата, како што едногласно истото го сторил и Апелациониот суд и осум од деветте судии во Домот на лордовите. Имајќи ја во предвид дозволената маргина на проценување што им се дава на националните власти во однос на ова прашање нема соодветна основа врз која Судот може да дојде до различен заклучок.
150. Владата објасни дека тие во голема мерка ја почитувале одлуката на Домот на лордовите и прогласувањето на некомпатибилност, и дека тие го укинале навредливиот закон. Сепак кога била донесена одлука да се упати случајот до Големиот судски совет тие одлучиле дека било неопходно да се оспори размислувањето и заклучоците на Домот на лордовите со оглед на широката уставна важност на прашањето и актуелната потреба на државите договорнички да имаат јасни насоки од Големиот судски совет во врска со мерките кои тие можат легитимно да ги преземат во обидот да ја спречат терористичката закана да се материјализира. Тие се изјаснија дека Домот на лордовите погрешил при доделувањето на премногу тесна маргина на оценување на Државата за тоа какви мерки биле строго неопходни; во оваа насока било релевантно да се забележи дека Делот 4 од Законот од 2001 г. не само што бил производ на пресудата на Владата, туку исто така бил предмет на дебата во Парламентот. Исто така, домашните судови ја испитале законската регулатива во апстракт, наместо да ги разгледаат конкретните случаи на жалителите, вклучувајќи ја неможноста за нивно отстранување, заканата што секој од нив ја претставувал по националната безбедност, несоодветноста на унапреденото следење или други контроли наместо притворот и процедуралните заштити доделени на секој жалител.
151. Конечно заклучокот на Домот на лордовите се осврнал не на отфрлањето на неопходноста да се притворат жалителите туку наместо тоа на отсуството на законско овластување да се притвори и државјанин кој претставувал ризик по националната безбедност и бил осомничен дека е меѓународен терорист. Меѓутоа, имало добри причини да се притворат само оние што не биле државјани и Конвенцијата изречно и имплицитно препознала дека разлика била дозволена меѓу лица кои се државјани и оние кои не се на полето на имиграцијата. Примарната мерка која Владата сакала да ја преземе против жалителите била депортирање, мерка дозволена против лице кое не е државјанин, но не и против лице кое е државјанин. Аналогијата посочена од Домот на лордовите меѓу „странци [како што се жалителите] кои не можат да бидат депортирани“ и „британските државјани кои не можат да бидат депортирани“ била грешна, затоа што жалителите во времето на нивниот притвор не биле неотстранливи на ист начин како што е неотстранлив еден британски државјанин. Исто така во времето во прашање проценката на Владата била дека поголем ризик произлегувал од лица кои не биле државјани и дека било легитимно за една држава кога се справува со национална кризна состојба да делува чекор по чекор со цел да го неутрализира она што најпрво се сметало за најголема закана, и со тоа да се ослободат ресурси за справување со помалите закани што доаѓаат од британски државјани. Дополнително, за Државата било разумно да ја земе во предвид чувствителноста на своето муслиманско население со цел да се намалат шансите за нивно регрутирање од страна на екстремисти.
3. Третата странка, Либерти
152. Либерти (види параграф 6 горе) се изјасни дека со резервирање на прашањето пред домашните судови дали притворот бил компатибилен со членот 5 § 1, Владата го лишила Судот од бенефициите на гледиштата на Домот на лордовите и дејствувала во насока која не би била отворена за жалителот. Во секој случај притворот не потпаѓал под исклучокот во членот 5 § 1(ѓ), со оглед дека Делот 4 од Законот од 2001 г. дозволувал неограничен притвор и со оглед дека немало опипливо очекување дека ќе може да ги депортира жалителите во текот на релевантното време. Доколку владата не била во можност да ги отстрани жалителите заради нивните права од членот 3, тие не можеле правилно да се потпираат врз она што ги загрижувало во однос на безбедноста на национално ниво како основа за разблажување или модифицирање на нивните права од членот 5. Наместо тоа правилниот тек на дејствување бил или да се отстапи од членот 5 до мерката строго условена од ситуацијата или да се гонат засегнатите лица за едно од мноштвото кривични дела за тероризам од законската регулатива на Обединетото Кралство, кои вклучуваат евидентно членство во забранета организација, неинформирање на властите за сомнителна терористичка активност, поседување на инкриминирачки написи и индиректно охрабрување за извршување, подготовка или активирање на терористички акти (види во параграфите 89 и 95 горе).
Б. Оценка на Судот
1. Опсегот на случајот пред Судот
153. Судот мора да започне со утврдување на првиот прелиминарен приговор на жалителите дека Владата треба да биде спречена да се одбрани во однос на жалбите согласно членот 5 § 1 врз основа на исклучокот во потставот 5 § 1(ѓ) со оглед дека тие не ја примениле пред домашните судови.
154. Судот треба да биде супсидијарен на националните системи што ги штитат човековите права. Затоа е соодветно националните судови на почетокот да имаат шанса да утврдат прашања на компатибилност на домашното право со Конвенцијата и ако сепак последователно се поднесе жалба пред Судот, тој треба да има корист од гледиштата на националните судови како некои кои се директно и континуирано во контакт со силите на своите земји (види во случајот на Бурден, цитиран горе, § 42). Оттука важно е аргументите кои ги изнесува Владата пред националните судови да бидат во ист правец со оние изнесени пред овој Суд. Особено, не е отворено за Владата да изнесува пред Судот аргументи кои не се конзистентни со ставот кој тие го усвоиле пред националните судови (види, mutatis mutandis, Pine Valley Developments Ltd and Others v. Ireland, judgment of 29 November 1991, § 47, Series A no. 222; Kolompar v. Belgium, judgment of 24 September 1992, §§ 31-32, Series A no. 235-C).
155. Судот меѓутоа не смета дека Владата е спречена да се обиде да се потпре врз потставот (ѓ) од членот 5 § 1 за да се оправда притворот. Јасно е дека Владата изречно го држела отворено, во текстот на дерогацијата и за време на дерогативната постапка пред домашните судови, прашањето на примената на членот 5. Исто така мнозинството во Домот на лордовите експлицитно или имплицитно разгледале дали притворот бил компатибилен со членот 5 § 1 пред проценката на полноважноста на дерогацијата (види во параграф 17 горе).
156. Жалителите понатаму тврдеа дека на Владата не треба да и се дозволи да го оспори пред Судот наодот на Домот на лордовите дека дерогацијата била невалидна.
157. Актуелната ситуација е несомнено невообичаена со тоа дека Владите вообичаено не се решаваат да оспоруваат, ниту гледаат потреба да побијат, одлуки на нивните сопствени највисоки судови пред овој Суд. Меѓутоа нема никаква забрана за Владата да направи такви оспорување, особено ако тие сметаат дека одлуката на националниот врховен суд е проблематична според Конвенцијата и дека се потребни дополнителни насоки од Судот.
158. Во актуелниов случај, затоа што прогласувањето на некомпатибилност според Законот за човекови права не е обврзувачко за странките во домашната парница (види во параграф 94 горе), успехот на жалителите во Домот на лордовите не довел ниту до нивното итно ослободување, ниту до исплата на надоместок за незаконски притвор и затоа било неопходно да ја поднесат актуелнава жалба. Судот не смета дека има некаква причина од принцип затоа што со оглед дека жалителите побарале да се испита законитоста на нивниот притвор, Владата сега да нема шанса да ги посочи сите аргументи што им се достапни за да ги одбранат постапките, дури и ако тоа вклучува оспорување на заклучокот на нивниот сопствен врховен суд.
159. Затоа судот ги отфрла двата прелиминарни приговори на жалителите.
2. Допуштеност
160. Судот смета дека жалбите на жалителите согласно членот 5 § 1 од Конвенцијата наметнуваат сложени правни и фактички прашања чие утврдување треба да зависи од испитувањето на основаноста. Затоа тој заклучува дека овој дел од жалбата не е погрешно заснована во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата. Ниеден друг основ за недопуштеност не е поставен и мора да се прогласи за допуштена.
3. Основаност
161. Судот најпрво мора да утврди дали притворот на жалителите бил дозволен согласно членот 5 § 1(ѓ), бидејќи доколку потставот не обезбедува одбрана од жалбите согласно членот 5 § 1, нема да биде неопходно да утврди дали дерогацијата била полноважна или не (види Ireland v. the United Kingdom, judgment of 18 January 1978, § 191, Series A no. 25).
А. Дали жалителите биле законски притворени во согласност со членот 5 § 1(ѓ) од Конвенцијата
162. Членот 5 го втемелува основното човеково право, имено заштитата на лицето од своеволни мешање на Државата во неговото или нејзиното право на слобода (Aksoy v. Turkey, judgment of 18 December 1996, § 76, Reports 1996-VI). Текстот од членот 5 јасно укажува дека гаранциите што ги содржи важат за „сите“.
163. Потставовите (а) го (ѓ) од членот 5 § 1 содржат исцрпна листа на дозволени основи по кои лицата можат да бидат лишени од својата слобода, а ниедно лишување од слобода нема да биде законско освен ако не потпадне во рамките на еден од овие основи (Saadi v. the United Kingdom [GC], no. 13229/03, § 43, ECHR 2008). Еден од исклучоците содржани во потставот (ѓ), и дозволува на државата да ја контролира слободата на странците во имиграциски контекст (idem., § 64). Владата тврди дека притворот на жалителите бил оправдан според втората точка од тој потстав и дека тие биле законски притворени како лица „против кои биле преземени дејствија со цел да се депортираат или екстрадираат“.
164. Членот 5 § 1(ѓ) не бара притворот да биде разумно сметан за неопходен, на пример за да се спречи лицето да стори прекршок или да избега. Секое лишување од слобода според вториот дел од членот 5 § 1(ѓ) ќе биде оправдано, меѓутоа само ако во тек се постапки за депортирање или екстрадиција. Доколку таквите постапки не се спроведени со неопходната внимателност, притворот повеќе нема да е дозволен согласно членот 5 § 1(ѓ) (Чахал, цитиран горе, § 113). Лишувањето од слобода исто така мора да биде „законско“. Кога „законитоста“ на притворот е проблем, вклучително и прашањето дали „една постапка пропишана со закон“ е следена, Конвенцијата упатува во основа на националното право и ја поставува обврската да се придржува на материјалните и процедуралните правила на националното право. Меѓутоа придржувањето до националното право не е доволно: членот 5 § 1 покрај ова бара секое лишување од слобода да се придржува на целта за заштита на лицето од своеволност. Основен е принципот дека никаков притвор којшто е своеволен не може да е во согласност со членот 5 § 1, а поимот на „своеволност“ во членот 5 § 1 оди пошироко од непридржување до националното право, така што за лишувањето од слобода може да биде законско во согласност со домашното право, но и понатаму да е своеволно и со тоа спротивно на Конвенцијата (Саади против Обединетото Кралство, цитиран горе, § 67). За да се избегне да се биде означен како своеволен притворот согласно членот 5 § 1(ѓ) мора да се спроведе со добра волја; мора да биде тесно поврзан со основот на притворот на кој се заснова Владата; местото и условите на притворот треба да бидат соодветни; а времетраењето на притворот не смее да го надмине она што разумно се бара за да се постигне целта (види, mutatis mutandis, Саади против Обединетото Кралство, цитиран горе, § 74).
165. Првиот, третиот и шестиот жалител биле притворени според Законот од 2001 година на 19 декември 2001 г.; седмиот жалител бил притворен на 9 февруари 2002 г.; осмиот жалител на 23 октомври 2002 г.; деветтиот жалител на 22 април 2002 г.; десеттиот жалител на 14 јануари 2003 г.; а единаесеттиот жалител на 2 октомври 2003 г. Ниеден од овие жалители не биле ослободени до 10-11 март 2005 г. Петтиот жалител бил притворен меѓу 19 декември 2001 г. и 22 април 2004 г. кога бил ослободен со кауција предмет на строги услови. Вториот и четвртиот жалител исто така биле притворени на 19 декември 2001 г. но вториот жалител бил ослободен на 22 декември 2001 г., по неговата одлука да се врати во Мароко, а четвртиот жалител бил ослободен на 13 март 2002 г. по неговата одлука за замине за Франција. Жалителите во текот на целото време биле држени под високи мерки на безбедност во затворите Белмарш или Вудхил или болницата Бродмур. Затоа не може да се оспорува дека биле лишени од слобода во рамките на значењето на членот 5 § 1 (види Engel and Others v. the Netherlands, judgment of 8 June 1976, Series A no. 22).
166. Жалителите биле странски државјани кои Владата би ги депортирала од Обединетото Кралство доколку можела да најде држава која би ги примила, а каде што не би биле соочени со реален ризик да бидат подложени на постапување спротивно на членот 3 од Конвенцијата ((Saadi v. Italy [GC], no. 37201/06, §§ 125 and 127, ECHR 2008). Иако обврските на тужената држава согласно членот 3 спречувале отстранување на жалителите од Обединетото Кралство, државниот секретар сепак сметал дека е неопходно да се притворат од безбедносни причини, бидејќи верувал дека нивното присуство во земјата претставувало ризик по националната безбедност и биле осомничени дека се или биле вмешани во нарачка, подготовка или поттикнување на меѓународен терористички акти и биле членови, припаѓале или имале врски со меѓународна терористичка група. Таквиот притвор би бил незаконски според домашното право пред усвојувањето на Делот 4 од Законот од 2001 г. со оглед дека пресудата од 1984 г. во случајот на Хардиал Синг утврдила дека не може да се примени таквото овластување за притворање освен ако лицето што е предмет на налог за депортација може да се депортира во разумно време (види во параграф 87 горе).
Оттука, беше изнесено во известувањето за дерогацијата поднесено во согласност со членот 15 од Конвенцијата дека потребни се проширени овластувања за да се уапси и притвори странски државјанин „кога отстранувањето или депортирањето не е можно подолго време, со последица дека притворот би бил незаконски според овластувањата што се применуваат во согласност со домашното право“ (види во параграф 11 горе).
167. Затоа една од главните претпоставки во основата на известувањето за дерогацијата, Законот од 2001 г. и одлуката да се притворат жалителите била дека тие не можеле да бидат отстранети или депортирани „во тоа време“ (види во параграфите 11 и 90 горе). Нема докази дека за време на периодот на притворот на жалителите имало, освен во однос на вториот и четвртиот жалител, некаква реална шанса да бидат протерани без да постои реален ризик за малтретирање спротивно на членот 3. Навистина, првиот жалител е без државјанство и Владата нема обезбедено никакви докази кои би сугерирале дека имало друга држава спремна да ги прими. До крајот на 2003 г. се чини дека владата немала влезено во преговори со Алжир или Јордан со цел да побара потврда дека жалителите кои биле државјани на овие држави не би биле малтретирани доколку бидат вратени, и не добила таква потврда до август 2005 г. (види во параграф 86 горе). Во овие околности Судот не смета дека политиката на тужената Влада на држење на можноста за депортирање на жалителите „под активно разгледување“ била доволно сигурна или одлучна за да се смета за „дејствие ... што се презема заради депортирање“.
168. Исклучок од овој заклучок беа вториот жалител кој бил притворен само три дена пред неговото враќање во Мароко, и четвртиот жалител кој го напуштил Обединетото Кралство за Франција на 13 март 2002 откако бил притворен нешто помалку од три месеци (види во параграфите 35 и 41 горе). Судот смета дека за време на овие периоди на притвор логично е да се каже дека против овие жалители биле преземени дејствија со план за депортација, со тоа што се чини дека властите во тој момент сè уште биле во фаза на утврдување на нивните државјанства и испитување дали нивното отстранување во нивните земји на потекло или во други земји би било можно (види Gebremedhin [Gaberamadhien] v. France, no. 25389/05, § 74, 26 April 2007). Соодветно на тоа немало никаква повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата во однос на вториот и четвртиот жалител.
169. Точно е дека дури и жалителите кои биле притворени најдолго не биле држени колку жалителот во случајот Чахал (цитиран горе), каде Судот не утврдил повреда на членот 5 § 1 и покрај неговото затворање од повеќе од шест години. Меѓутоа во случајот на Чахал во текот на целиот период на притвор постапките биле активно и внимателно следени, пред домашните власти и Судот, за да се утврди дали би било законски и во согласност со членот 3 од Конвенцијата да се продолжи со депортирањето на жалителот во Индија. Истото не може да се каже за овој случај, каде постапките првично, наместо тоа, биле засегнати со законитоста на притворот.
170. Во околностите на актуелниот случај не може да се каже дека првиот, третиот, петтиот, шестиот, седмиот, осмиот, деветтиот, десеттиот и единаесеттиот жалител биле лица „против кои биле преземени дејствија со цел за депортирање или екстрадиција“. Нивниот притвор затоа не потпаѓа под исклучокот на нивното право на слобода утврдено во став 5 § 1(ѓ) од Конвенцијата. Ова е заклучок до кој исто така изречно или имплицитно дојде мнозинството на членовите на Домот на лордовите (види во параграф 17 горе).
171. Наместо тоа јасно е од условите на известувањето за дерогацијата и Делот 4 од Законот од 2001 г. дека жалителите добиле сертификат и биле притворени бидејќи биле осомничени дека се меѓународни терористи и бидејќи се верувало дека нивното присуство на слобода во Обединетото Кралство ја зголемувало заканата по националната безбедност. Судот не го прифаќа тврдењето на Владата дека членот 5 § 1 дозволува воспоставување на рамнотежа меѓу правото на лицето на слобода и интересот на државата за заштитата на своето население од терористичка закана. Овој аргумент е недоследен не само со јуриспруденцијата според потставот (ѓ) туку и со принципот дека ставовите (а) до (ѓ) претставуваат исцрпна листа на исклучоци и дека само тесното толкување на овие исклучоци е компатибилно со целите на членот 5. Доколку притворот не влегува во рамката на ставовите согласно толкувањето на Судот, не може да направи да одговара на потребата да се избалансираат интересите на Државата наспроти оние на притвореникот.
172. Судот потсетува дека во повеќе прилики утврдил дека интернацијата и превентивниот притвор без обвинение не се компатибилни со основното право на слобода согласно членот 5 § 1 во отсуство на валидна дерогација согласно членот 15 (види Lawless v. Ireland (No. 3), judgment of 1 July 1961, §§ 13 and 14, Series A no. 3; Ирска против Обединетото Кралство, цитиран горе, §§ 194-196 and 212-213). Затоа сега мора да разгледа дали дерогацијата на Обединетото Кралство била валидна.
Б. Дали Обединетото Кралство оправдано дерогирало од својата обврска согласно членот 5 § 1 од Конвенцијата
i. Пристап на Судот
173. Судот потсетува дека тоа важи за секоја држава договорничка која е одговорна за „животот на [својата] нација“, да утврди дали тој живот е загрозен од „кризна состојба“ и доколку е така, колку далеку треба да оди во обидот за надминување на кризната состојба. Заради својот директен и континуиран контакт со потребите што притискаат во моментот, националните власти во основа се подобро позиционирани од меѓународниот судија да одлучат како во однос на присуството на таква криза така и во однос на природата и опсегот на дерогациите што се потребни за нејзино спречување. Соодветно на тоа во однос на ова прашање широка маргина на оценување треба да им се остави на националните власти.
Во секој случај земјите договорнички не уживаат неограничена дискреција. Судот треба да пресуди дали, меѓу другото, државите го надминале „нивото што стриктно се бара од итноста“ на кризната ситуација. На тој начин домашната маргина на проценување е проследена со европски надзор. Во извршувањето на надзорот Судот мора да даде соодветна тежина на таквите релевантни фактори како што се природата на правата што се погодени со дерогацијата и околностите што довеле до кризната состојба и времетраењето на истата (Ирска против Обединетото Кралство, цитиран горе, § 207; Brannigan and McBride v. the United Kingdom, judgment of 26 May 1993, § 43, Series A no. 258; Аксој, цитиран горе, § 68)
174. Основниот предмет и цел на Конвенцијата како што е утврдено во членот 1 е дека правата и слободите треба да бидат обезбедени од државата договорничка во рамките на својата јуриздикција. Од суштинска важност е за машинеријата за заштита воспоставена од Конвенцијата самите национални системи да обезбедуваат обесштетување за прекршувањата на нејзините одредби каде што Судот има надзорна улога која подложи на принципот на супсидијарност (Z. and Others v. the United Kingdom, no. 29392/95, § 103, ECHR 2001-V). Исто така домашните судови се дел од „националните власти“ на кои Судот им доделува широка маргина на оценување согласно членот 15. Во невообичаените околности на актуелниот случај каде највисокиот домашен суд ги испитал прашањата поврзани со дерогацијата на државата и заклучил дека постоела кризна состојба која се заканувала по животот на нацијата, но дека мерките што биле преземени како одговор на тоа не биле стриктно неопходни во конкретната кризна состојба, Судот смета дека би било оправдано да се донесе спротивен заклучок само ако е уверен дека националниот суд погрешно го протолкувал или погрешно го применил членот 15 или јуриспруденцијата на Судот под тој член или ако донел заклучок кој бил очигледно неразумен.
ii. Дали имало „кризна состојба која се заканувала по животот на нацијата“
175. Жалителите тврделе дека немало кризна состојба која се заканувала по животот на британската нација од три главни причини: прво, кризната состојба ниту била реална ниту блиска; второ, не била од привремена природа; и трето праксата на другите држави, од кои ниедна не отстапила од Конвенцијата, заедно со информираните гледишта на другите национални и меѓународни тела, сугерира дека постоењето на општа кризна состојба не била утврдена.
176. Судот потсетува дека во Лолес, цитиран горе, § 28, тој одлучил дека во контекст на членот 15 природното и обичајното значење на зборовите „друга кризна состојба која се заканува по животот на нацијата“ било доволно јасно и дека тие упатувале на „вонредна состојба на криза или криза која го погаѓа целото население и претставува закана по организираниот живот на заедницата од која е составена државата“. Во Грчкиот случај (Greek Case (1969) 12 YB 1, § 153) Комисијата одлучила дека за да се оправда дерогацијата кризната состојба требала да е реална и блиска; дека требало да ја има погодено целата нација во толкава мерка што организираниот живот на заедницата би бил загрозен; и дека кризата или опасноста требале да бидат вонредни со тоа што нормалните мерки или рестрикции дозволени со Конвенцијата за одржување на јавната сигурност, здравје и ред би биле едноставно несоодветни. Во Ирска против Обединетото Кралство, цитиран горе, §§ 205 и 212, странките се согласиле, како и Комисијата и Судот дека тестот на членот 15 бил задоволен со оглед дека тероризмот повеќе години претставувал „особено далекосежна и акутна опасност по територијалниот интегритет на Обединетото Кралство, институциите на шесте окрузи и животите на населението во провинцијата“. Судот дошол до слични заклучоци и што се однесува до континуираната безбедносна состојба во Северна Ирска во Браниган и МекБрајд, цитиран горе, и Маршал против Обединетото Кралство (Marshall v. the United Kingdom (dec.), no. 41571/98, 10 July 2001). Во Аксој, цитиран горе, тој прифатил дека курдското сепаратистичко насилство довело до „кризна состојба“ во Турција.
177. Пред домашните судови Државниот секретар изнел докази за да покаже постоење на закана од сериозни терористички напади планирани против Обединетото Кралство. Дополнителни запечатени докази биле изнесени пред СКЖИП. Сите национални судии прифатиле дека опасноста била веродостојна (со исклучок на лорд Хофман, кој не сметал дека била од природа што претставува „закана по животот на нацијата“: види во параграф 18 горе). Иако кога била направена дерогацијата не се случил никаков напад на Ал Каеда на територијата на Обединетото Кралство, Судот не смета дека националните власти можат да бидат критикувани, со оглед на доказите што ги имале во тоа време, затоа што се плашеле дека таквиот напад бил „блиску“ и дека во секој момент може да се стори ѕверство без никакво предупредување. Потребата од итност не може да се толкува толку тесно за да се бара од една Држава да чека да се случи катастрофа пред да преземе мерки. Исто така дека опасноста од терористички напад била вистинска, на трагичен начин било покажано со бомбашките напади и обидите за бомбашки напади во Лондон во јули 2005 г. Со оглед дека целта на членот 15 е да им се дозволи на државите да преземат мерки на отстапување заради заштита на своите населенија од идни ризици, постоењето на закана по животот на нацијата мора примарно да биде проценета со упатување на оние факти коишто биле познати во времето на дерогацијата. Меѓутоа Судот не е спречен да ги земе во предвид и информациите кои подоцна излегле на виделина (види, mutatis mutandis, Vilvarajah and others v. the United Kingdom, judgment of 30 October 1991, § 107(2), Series A no. 215).
178. Додека Комитетот за човекови права на Обединетите нации забележува дека мерките со кои се отстапува од одредбите на МСГПП мораат да бидат од „вонредна и привремена природа“ (види параграф 109 горе), судската пракса на Судот никогаш досега нема експлицитно инкорпорирано услов дека кризната состојба треба да биде од привремен карактер, иако прашањето на сразмерност на одговорот може да биде поврзано со времетраењето на кризната состојба. Навистина, случаите цитирани горе, во врска со безбедносната ситуација во Северна Ирска демонстрираат дека е можно „кризната состојба“ во рамките на значењето на членот 15 да потрае повеќе години. Судот не смета дека мерките на отстапување кои биле воспоставени веднаш по нападите на Ал Каеда во Соединетите Американски Држави и кои се разгледувале на годишна основа во Парламентот може да се каже дека се неважечки врз основ дека тие не биле „привремени“.
179. Аргументот на жалителите дека животот на нацијата не бил во опасност во принцип се заснова на различното мислење на лордот Хофман, кој ги протолкувал зборовите во смисла дека треба да постои опасност по организираниот живот на заедницата која треба да ја надминува заканата со сериозна физичка штета и загуба на животи. Според него требало да постои закана по „нашите институции на владеење или нашето постоење како граѓанска заедница (види во параграф 18 горе). Меѓутоа Судот во претходните случаи бил подготвен да земе во предвид многу поширок спектар на фактори во утврдување на природата и степенот на реална или блиска закана по „нацијата“ и во минатото заклучил дека кризни состојби постоеле иако институциите на државата не се чинело дека се во опасност до онаа мерка како што предвидува лордот Хофман.
180. Како што претходно беше кажано националните власти уживаат широка маргина на оценување согласно членот 15 при проценувањето дали по животот на нивната нација се заканува кризна состојба. Иако изненадува дека Обединетото Кралство била единствената држава договорничка која поднела дерогација како одговор на опасноста од Ал Каеда, кога и другите држави исто така биле предмет на закани, Судот прифаќа дека секоја Влада е таа која како чувар на сигурноста на својот народ треба да направи сопствена проценка врз основа на фактите што ним им се познати. Затоа треба да се даде тежина на проценката на извршната и парламентарната власт на Обединетото Кралство во однос на ова прашање. Исто така значителна тежина мора да се даде на гледиштата на националните судови кои биле подобро позиционирани за да ги проценат доказите поврзани со постоењето на кризна состојба.
181. Во однос на ова прво прашање Судот соодветно го дели гледиштето на мнозинството на Домот на лордовите дека постоела општа кризна состојба која се заканувала по животот на нацијата.
iii. Дали мерките биле стриктно потребни од итноста на ситуацијата
182. Членот 15 уредува дека Државата може да преземе мерки кои отстапуваа од нејзините обврски според Конвенцијата само „до она ниво што строго го бара од итноста на ситуацијата“. Како што претходно беше изјавено Судот смета дека во принцип треба да ја следи пресудата на Домот на лордовите во однос на прашањето на сразмерноста на притворот на жалителите, освен ако може да се покаже дека националниот суд погрешно ја протолкувал Конвенцијата или судската пракса на Судот или дека дошол до заклучок кој бил очигледно неразумен. Тој ќе го разгледа сето она со што Владата ја оспорува пресудата на Домот на лордовите во овој контекст.
183. Владата најпрво сметаше дека мнозинството на Домот на лордовите требало да додели многу поширока маргина на оценување на извршната власт и Парламентот за да утврди дали притворот на жалителите бил неопходен. Сличен аргумент бил упатен пред Домот на лордовите, кога врховниот обвинител се изјаснил дека проценката за тоа што било потребно за да се заштити јавноста, било прашање повеќе за политичка отколку за судска проценка (види во параграф 19 горе).
184. Кога Судот разгледува дерогација согласно членот 15 им дозволува на националните власти широка маргина на оценување за да одлучи за природата и опсегот на мерки за отстапување кои се потребни за да се спречи кризна состојба. Во секој случај останува на Судот да одлучи дали мерките биле „строго неопходни“. Конкретно кога мерката за отстапување ќе посегне по основните права од Конвенцијата, како што е правото на слобода, Судот мора да биде задоволен дека тоа бил вистински одговор на кризна ситуација која било целосно оправдана од посебните околности на кризата и дека соодветни заштити биле обезбедени против злоупотреба (види на пример во Браниган и МекБрајд, цитиран горе, §§ 48-66; Аксој, цитиран горе, §§ 71-84; и принципите посочени во параграф 173 горе). Доктрината на маргината на оценување од секогаш била планирана како алатка за дефинирање на односите меѓу домашните власти и Судот. Не може да ја има истата примена на односите меѓу органите на државите на домашно ниво. Како што одлучи Домот на лордовите, прашањето на сразмерност е во основа судска одлука, особено во случај како што е актуелниов каде жалителите биле лишени од своето основно право на слобода во тек на долг временски период. Во секој случај ако се земе во предвид внимателниот начин на кој Домот на лордови пристапил кон овие прашања, не може да се каже дека несоодветна тежина е дадена на гледиштата на извршната власт и Парламентот.
185. Владата исто така се изјасни дека Домот на лордовите згрешиле при разгледувањето на законот во апстракт наместо да ги разгледува конкретните случаи на жалителите. Меѓутоа, според гледиштето на Судот пристапот согласно членот 15 е неопходно фокусиран на општата ситуација во засегнатата земја во смисла дека судот – било национален или меѓународен – мора да ги испита мерките кои биле усвоени во дерогацијата од правата на Конвенцијата што се во прашање и да ги измери наспроти природата на заканата по нацијата што доаѓа од кризната состојба. Кога, како овде, ќе се утврди дека мерките се несразмерни на заканата и се дискриминирачки со своето делување има потреба да се оди подалеку и да се провери нивната примена во конкретниот случај на секој жалител.
186. Третиот основ на Владата во оспорувањето на одлуката на Домот на лордови беше насочен главно против пристапот земен во однос на споредбата меѓу осомничени терористи кои не се државјани и оние што се. Меѓутоа Судот смета дека Домот на лордовите бил во право кога одлучил дека на оспорените овластувања не требало да се гледа како на имиграциски мерки, при што дистинкцијата меѓу оние што се државјани и оние што не се би била легитимна, туку наместо тоа како засегнати со националната безбедност. Делот 4 од Законот од 2001 г. бил дизајниран да спречи вистинска и блиска закана од терористички напад која, според доказите, доаѓала и од лица што се државјани и од лица кои не се. Изборот на Владата и Парламентот на имиграциска мерка за да се справат со нешто што во основа било безбедносно прашање резултирало со неуспешно справување со проблемот, при што бил наметнат несразмерен и дискриминирачки товар на неограничен притвор на една група осомничени терористи. Како што утврдил Домот на лордовите немало битна разлика во потенцијалното негативните последици на притворот без обвинение по лице што е државјанин или лице што не е државјанин а кое во пракса не може да ја напушти земјата заради страв од мачење во странство.
187. И на крајот Владата упати два аргументи за кои жалителите тврдеа дека не биле посочени пред националните судови. Секако не се чини дека има некакво упатување на нив во пресудите на националните судови или во отворениот материјал кој бил претставен пред Судот. Во овие околности дури и да се претпостави дека принципот на супсидијарност не го спречува Судот да испита нови основи, ќе бидат потребни убедливи докази да ги поддржат.
188. Првиот од наводно новите аргументи бил тоа дека било законски за државата при ограничувањето на мерките само на оние што не се државјани да ја земе во предвид чувствителноста на британското муслиманско население за да се намалат шансите за нивно регрутирање од страна на екстремистите. Меѓутоа, Владата не изнесе пред Судот никакви докази кои би сугерирале дека британските Муслимани има шанса значително повеќе да реагираат негативно на притворот без обвинение на државјани отколку на Муслимани странци кои разумно се осомничени за врски со Ал Каеда. Во оваа насока Судот забележува дека системот на налози за контрола воведени со Законот за спречување на терористички акти од 2005 г. не прави разлика меѓу осомничени лица кои се државјани и оние кои не се државјани.
189. Вториот наводно нов основ на кој се потпираше Владата беше дека државата може подобро да одговори на терористичка закана доколку може да го лиши од слобода својот најсериозен извор, имено лицата што не се државјани. Во врска со ова Судот повторно не доби никакви докази кои би можеле да ги убедат да го отфрлат заклучокот на Домот на лордови дека разликата во третманот била неоправдана. Навистина, Судот забележува дека националните судови, вклучително СКЖИП која го разгледала и отворениот и запечатениот материјал, не биле убедени дека заканата од лица што не се државјани била посериозна отколку од оние што се државјани.
190. Затоа во својот заклучок Судот, како и Домот на лордовите, а спротивно на тврдењата на Владата утврдува дека мерките на отстапување биле несразмерни со оглед дека неоправдано правеле разлика меѓу лица кои биле државјани и лица кои не биле. Следи дека имало повреда на членот 5 § 1 во однос на првиот, третиот, петтиот, шестиот, седмиот, осмиот, деветтиот, десеттиот и единаесеттиот жалител.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 1 РАЗГЛЕДАН ЗАЕДНО СО ЧЛЕНОТ 14 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
191. Жалителите се жалеле дека било дискриминирачко и спротивно на членот 14 од Конвенцијата да бидат притворени кога државјани на Обединетото Кралство осомничени за поврзаност со Ал Каеда биле оставени на слобода.
Членот 14 уредува:
„Уживањето на правата и слободите, утврдени во [оваа] Конвенција, ќе бидат обезбедени без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.“
192. Во согласност со горе-посочените размислување и заклучок во врска со членот 5 § 1 земен изолирано, Судот не смета дека е потребно да ги разгледа овие жалби посебно.
IV. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 4 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
193. Жалителите тврдеа дека постапката пред домашните судови за оспорување на нивниот притвор не била во согласност со условите утврдени во член 5 § 4, кој вели:
„Секое лице лишено од слобода со апсење или притворање има право да иницира постапка со која за кус рок суд ќе одлучи за законитоста на неговиот притвор и ако тоа не било законско, ќе нареди негово ослободување.“
Владата отфрли дека имало повреда на членот 5 § 4.
А. Изјаснување на странките
1. Жалителите
194. Жалителите упатија два главни аргументи во согласност со членот 5 § 4. Најпрво, тие нагласија дека иако можеле да изнесат аргументи пред СКЖИП, Апелациониот суд и Домот на лордови дека нивниот притвор според Делот 4 од Законот од 2001 бил незаконски согласно Конвенцијата, единствениот правен лек што можеле да го добијат бил прогласување на некомпатибилност според Законот од 1998 г. Ова не е обврзувачко за Владата и притворот останал законски сè до усвојувањето на законската промена од страна на Парламентот. Оттука немало суд со овластување да нареди нивно ослободување со што бил повреден членот 5 § 4.
195. Второ жалителите се жалеа на жалбената постапка пред СКЖИП согласно членот 25 од Законот од 2001 г. (види во параграф 91 горе) и конкретно необелоденувањето на материјалните докази, освен на специјални застапници, со кои на притвореното лице не му било дозволено да се консултира. Во нивните изјаснувања членот 5 § 4 ги обезбедува гаранциите за правично судење од членот 6 § 1 сразмерно на сериозноста на релевантното прашањето. Иако во некои околности судот може да дозволи релевантни докази да не се обелоденат пред едно лице заради националната безбедност, никогаш не може да е дозволиво за еден суд кој ја проценува законитоста на притворот да се потпира на таков материјал кога тој е од одлучувачка важност за предметот на кој притвореното лице мора да одговори и кога истиот не е обелоденет, дури ни сржта или сумираната форма, во доволна мерка за да му овозможи на лицето да е запознаено со предметот против себе и да одговори на истиот. Во сите жалби на жалителите, со исклучок на таа на десеттиот жалител, СКЖИП се потпирал на запечатениот материјал и признал дека жалителите со тоа биле ставени во незавидна позиција.
2. Владата
196. Владата тврдела дека членот 5 § 4 требало да се прочита во контекст на воспоставената јуриспруденција на Судот согласно членот 13, во која тој е lex specialis што се однесува до притворот, во насока дека немало право да се оспори обврзувачки примарен закон пред националниот суд. Овој принцип заедно со системот на прогласувања на некомпатибилност согласно Законот за човекови права, ја отсликуваат демократската вредност на избраниот Парламент како највисока власт.
197. Во однос на втората точка на жалителите Владата се изјасни дека постоеле валидни основи од јавен интерес за необелоденување на запечатениот материјал. Правото на необелоденување на доказите, согласно членот 6, а исто така и согласно членот 5 § 4 било апсолутно. Судската пракса на Судот почнувајќи од Чахал (цитиран горе) па натаму посочува одредена поддршка за постапката со специјален застапник во особено чувствителни области. Исто така во случајот на секој жалител отворениот материјал давал доволно информации за исказите против нив за да им се овозможи да обезбедат делотворна одбрана.
3. Третата странка, Џастис
198. Џастис (види параграф 6 горе) го информираше Судот дека во времето кога СКЖИП била креирана со Законот за Специјалната комисија за жалби во врска со имиграциски прашања од 1997 г., примената на запечатен материјал и специјални застапници во постапката пред неа се верувало дека била заснована на слична постапка во Канада, применета во случаи пред Комитетот за разгледување на безбедносни разузнавачки информации („КРБРИ“), кој испитувал дали одлуката на министерот за отстранување на странски државјанин со постојан престој врз основ на националната безбедност била добро заснована. Меѓутоа иако процедурата на КРБРИ вклучувала адвокат од институцијата со пристап до доверливиот материјал, кој учествувал во ex parte и in camera расправи заради застапување на интересите на жалителот, тоа значително се разликувало од моделот на СКЖИП, особено со оглед на тоа дека на специјалниот застапник му било дозволено да контактира со жалителот и неговите адвокати во текот на процесот, па дури и откако застапникот во целост ќе ги проценил тајните информации против жалителот.
199. Наспроти тоа постапките на СКЖИП кои вклучуваат запечатен материјал и специјални застапници привлекле значителни критики, вклучувајќи и од Апелациониот комитет на Домот на лордови, Комитетот за уставни прашања на Долниот дом, Парламентарниот заеднички комитет за човекови права, Комитетот на Канадскиот сенат за Законот за борба против тероризам, и Комесарот за човекови права на Советот на Европа. По пресудата на Домот на лордовите во декември 2004 г. со која Делот 4 од Законот од 2001 г. бил прогласен за некомпатибилен со членовите 5 и 14 од Конвенцијата, Комитетот за уставни прашања на Долниот дом започнал истрага за работата на СКЖИП и нејзиното користење на специјални застапници. Меѓу доказите добиени од Комисијата имало поднесок од девет од вкупно тринаесетте специјални застапници во служба. Во поднесокот специјалните застапници ги посочиле сериозните тешкотии со кои биле соочени при претставувањето на жалителите во затворените постапки заради забраната да комуницираат во врска со запечатениот материјал. Специјалните застапници особено укажале на многу ограничената улога што можеле да ја играат во затворените расправи со оглед на отсуството на делотворни насоки од оние што ги претставувале.
Б. Оценка на Судот
1. Допуштеност
200. Судот забележува дека членот 5 § 4 гарантира право на „секој којшто е лишен од својата слобода со апсење или притвор“ да покрене постапка за тестирање на легалноста на притворот и да биде ослободен доколку се утврди дека притворот бил незаконски. Со оглед дека првиот и четвртиот жалител веќе биле на слобода и избрале да отпатуваат за Мароко и Франција, до моментот кога различните постапки за утврдување на законитоста на притворот според Законот од 2001 г. биле започнати, произлегува дека жалбите на овие двајца жалители во однос на членот 5 § 4 се очигледно лошо засновани во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата (види Fox, Campbell and Hartley v. the United Kingdom, judgment of 30 August 1990, § 45, Series A no. 182) и мора да се прогласат за недопуштени.
201. Судот смета дека жалбите на жалителите во однос на оваа одредба наметнуваат сложени правни и фактички прашања чие утврдување треба да зависи од испитувањето на основаноста. Затоа тој заклучува дека овој дел од жалбата не е погрешно заснована во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата. Ниеден друг основ за недопуштеност не е поставен и мора да се прогласи за допуштена.
2. Основаност
а. Принципите што произлегуваат од судската пракса
202. Членот 5 § 4 обезбедува lex specialis во однос на погенералните услови на членот 13 (види Чахал, цитиран горе, § 126). Тој на уапсеното или притвореното лице му дава право да поведе постапки кои се однесуваат на процедуралните и материјалните услови кои се суштински за „законитоста“ на неговото или нејзиното лишување од слобода. Поимот „законитост“ според ставот 4 од членот 5 го има истото значење како во ставот 1, така што уапсеното или притвореното лице има право да му се разгледа „законитоста“ на неговиот притвор во контекст не само на условите од домашното право туку исто така на Конвенцијата, општите принципи што се таму втемелени и целта на ограничувањата што се дозволени со членот 5 § 1. Членот 5 § 4 не гарантира право на судско разгледување од таков опсег што му дава на судот овластување, во однос на сите аспекти на случајот вклучувајќи и прашања на чиста целисходност, да ја замени сопствената слобода на одлучување за таа на телото што одлучува. Меѓутоа разгледувањето треба да е доволно широко за да ги исполни условите кои се суштински за „законски“ притвор на лице согласно членот 5 § 1 (E. v. Norway, judgment of 29 August 1990, § 50, Series A no. 181). „Судот“ што разгледува не смее да има само чисто советодавни функции туку мора да има надлежност за да „одлучи“ за „законитоста“ на притворот и за да нареди ослободување доколку притворот е незаконски (Ирска против Обединетото Кралство, цитиран горе, § 200; Weeks v. the United Kingdom judgment of 2 March 1987, § 61, Series A no. 114; Чахал, цитиран горе, § 130).
203. Условот за процедурална правичност согласно членот 5 § 4 не наметнува да се примени единствен стандард кој не се менува без разлика на контекстот, фактите и околностите. Иако не секогаш е неопходно процедурата од членот 5 § 4 да ги поседува истите гаранции како и оние што се бараат согласно членот 6 за кривична или граѓанска парница, мора да има судски карактер и да обезбеди гаранции соодветни на типот на лишување од слобода што е во прашање (види, на пример, Winterwerp v. the Netherlands, judgment of 24 October 1979, § 57, Series A no. 33; Bouamar v. Belgium, judgment of 29 February 1988, §§ 57 and 60, Series A no. 129; Włoch v. Poland, no. 27785/95, § 125, ECHR 2000-XI; Reinprecht v. Austria, no. 67175/01, § 31, ECHR 2005).
204. Оттука постапката мора да биде акузаторна и мора секогаш да обезбедува „еднаквост на средствата“ меѓу странките (Reinprecht, § 31). Усната расправа може да биде потребна на пример во случаи на притвор (Nikolova v. Bulgaria [GC], no. 31195/96, § 58, ECHR 1999-II). Исто така во случаи на притвор, со оглед на истрајноста на постоењето на разумен сомнеж дека обвинетото лице го сторило делото е услов sine qua non за законитоста на континуираниот притвор, на притвореното лице мора да му се даде шанса делотворно да ја оспори основата на тврдењата против него (Becciev v. Moldova, no. 9190/03, §§ 68-72, 4 October 2005). Како резултат на ова судот можеби ќе треба да сослуша сведоци чии сведочења се чинат prima facie дека имаат материјална важност за континуираната законитост на притворот (Бечиев, цитиран горе, §§ 72-76; Ţurcan and Ţurcan v. Moldova, no. 39835/05, §§ 67-70, 23 October 2007). Исто така може да бара на притворениот или на неговиот претставник да му се даде пристап до документи од предметот на случајот што го формираат основот за обвинителниот предмет против него (Влох, цитиран горе, § 127; Николова, цитиран горе, § 58; Lamy v. Belgium, judgment of 30 March 1989, § 29, Series A no. 151; Fodale v. Italy, no. 70148/01, 1 June 2006).
205. Судот сепак одлучи дека дури и во постапки во согласност со членот 6 за утврдување на вината во однос на кривичното обвинение може да има ограничувања во однос на правото на целосна акузаторна постапка каде е крајно неопходна, во контекст на силен јавен интерес од другата страна, како што е националната безбедност, потребата да се чуваат во тајност одредени полициски методи на истрага или заштита на основните права на друго лице. Меѓутоа нема да има правично судење освен ако сите проблеми кои се појавуваат за обвинетиот како резултат на ограничувањата на неговите права не се избалансирани со постапките што ги следат судските власти (види, на пример, Doorson v. the Netherlands, judgment of 26 March 1996, § 70, Reports 1996‑II; Van Mechelen and Others v. the Netherlands, judgment of 23 April 1997, § 58, Reports 1997-III; Jasper v. the United Kingdom [GC], no. 27052/95, §§ 51-53, ECHR 2000-II; S.N. v. Sweden, no. 34209/96, § 47, ECHR 2002-V; Botmeh and Alami v. the United Kingdom, no. 15187/03, judgment of 7 June 2007, § 37).
206. Оттука иако правото на правично кривично судење согласно членот 6 вклучува право на обелоденување на сите материјални докази што ги поседува обвинителството, како во корист така и против обвинетиот, Судот одлучи дека по некогаш може да е потребно да не и се обелоденат одредени докази на одбраната заради јавен интерес. Во Џаспер, цитиран горе, §§ 51-53, утврди дека ограничувањето на правата на одбраната добило доволно контрарамнотежа кога доказите што биле релевантни за прашањата што биле предмет на судењето, но на кои обвинителството немал право да се потпре, биле испитани ex parte од судечкиот судија, кој одлучил дека не треба да бидат обелоденети затоа што јавниот интерес да се чуваат како тајна ја надвладеал користа што одбраната би ја имала со нивното обелоденување. При утврдувањето дека немало повреда на членот 6 Судот сметал дека е важно што судечкиот судија бил тој кој бил целосно запознаен со предметот на судењето, тој што воспоставил рамнотежа и дека биле преземени мерки за одбраната да биде цело време информирана и да и биде дозволено да даде поднесоци и да учествува во процесот на одлучување во рамките на можностите без да се обелодени материјалот кој обвинителството барало да остане таен (ibid., §§ 55-56). Наспроти тоа, во Едвардс и Луис против Обединетото Кралство (Edwards and Lewis v. the United Kingdom [GC], nos. 39647/98 and 40461/98, §§ 46-48, ECHR 2004-X) Судот утврдил дека ex parte постапката пред судечкиот судија не била доволна за да се обезбеди правично судење ако необелоденетиот материјал се однесувал или можеби се однесувал на фактичко прашање што формирало дел од обвинителниот предмет, што судечкиот судија, а не поротата, морал да го утврди и што можело да биде од одлучувачка важност за исходот на судењата на жалителите.
207. Во повеќе други случаи кога конкурентен јавен интерес барал ограничувања во однос на правата на обвинетиот во врска со акузаторните докази на кои се потпирал обвинителот, Судот го проценувал обемот во која мерките за контрарамнотежа можеле да го надоместат отсуството на целосно акузаторна постапка. На пример во Лука против Италија (Lucà v. Italy, no. 33354/96, § 40, ECHR 2001‑II), тој одлучил дека не значи дека би било некомпатибилно со членот 6, § 1 ако обвинителството упати во текот на судењето на сведочења дадени во истражната фаза, особено кога сведокот одбил да го повтори своето сведочење јавно заради страв за својата безбедност, доколку на обвинетиот му се даде соодветна и вистинска шанса да ги оспори сведочењата, било кога се даваат или во подоцнежна фаза. Тој меѓутоа нагласи дека кога осудата се базирала исклучиво или до одлучувачки степен на сведочења дадени од лице кое обвинетиот немал шанса да го испита или да го има испитано било за време на истрагата или на судењето, правата на одбраната би биле ограничени до степен што е некомпатибилен со гаранциите дадени од членот 6.
208. Слично на тоа во Дорсон, цитиран горе, §§ 68-76, Судот утврдил дека немало повреда на членот 6 каде идентитетот на одредени сведоци бил скриен од обвинетиот врз основ дека тие се плашеле од одмазда. Фактот дека адвокатот на одбраната во отсуство на обвинетиот можел да поставува прашања на анонимните сведоци во фазата на жалбата и да се обиде да фрли сомнеж врз нивниот кредибилитет, и дека Апелациониот суд изјавил во својата пресуда дека ги третирал доказите на анонимните сведоци со внимание, било доволно како контра-рамнотежа на незавидната положба во која била одбраната. Судот нагласил дека пресудата не треба да се заснова исклучиво или до одлучувачко ниво на анонимните изјави (и исто така види кај Ван Мекелен, цитиран горе, § 55). Во секој случај Судот нагласил дека неговата улога била да утврди дали постапката како целина, вклучувајќи го и начинот на кој доказите биле разгледани, била правична (Дорсон, цитиран горе, § 67).
209. Судот во неколку прилики упатува на можноста на користење на специјални застапници како контра-рамнотежа на процедуралната неправичност предизвикана од недостатокот на целосно обелоденување во случаи поврзани со националната безбедност, но никогаш не се барало да се одлучи дали таква процедура би била или не би била компатибилна било со членот 5 § 4 или со членот 6 од Конвенцијата.
210. Во Чахал, цитиран горе, жалителот бил притворен согласно членот 5 § 1(ѓ) во исчекување на депортирањето врз основ поврзан со националната безбедност, а државниот секретар се спротивставил на неговите барања за кауција и habeas corpus, исто така од причини на национална безбедност. Судот призна (§§ 130-131) дека употребата на доверлив материјал може да биде неизбежно кога националната безбедност е во прашање, но одлучи дека ова не значело дека извршната власт би можела да биде ослободена од делотворна контрола од домашните судови секогаш кога тие ќе одлучат да тврдат дека се работело за национална безбедност и тероризам. Судот утврдил повреда на членот 5 § 4 во контекст на фактот дека Вишиот суд, кој утврдил дека habeas corpus жалбата, немала пристап до целиот материјал врз кој државниот секретар ја засновал својата одлука. Иако имало заштита од советодавен панел на чие чело бил судија на Апелациониот суд, кој имал целосен увид во доказите поврзани со националната безбедност, Судот одлучил дека панелот не можел да се смета за „суд“ во рамките на значењето на членот 5 § 4 бидејќи жалителот немал право на правна застапеност пред него и бил запознаен само со рамката на случајот поврзан со националната безбедност против него и затоа што панелот немал одлучувачка моќ и неговиот совет до секретарот за внатрешни работи не бил обврзувачки и не бил обелоденет. Судот упатил (§§ 131 и 144) на поднесоците на третите странки (Амнести Интернешнал, Либерти, АИРЕ центарот и Заедничкиот совет за Заедничкиот совет за добросостојба на имигрантите; и види ги поднесоците на Џастис во овој случај, параграф 198 горе) во врска со постапката применета во случаите на депортирање поврзани со националната безбедност во Канада, каде судијата одржал in camera расправа по сите докази, на што лице предложено за депортирање добил документ кој, колку што било можно, го сумирал случајот против него и имал право да биде застапуван и да приложи докази. Доверливоста на безбедносниот материјал била обезбедена со барање таквите докази да бидат разгледани во отсуство и на лицето за депортирање и на неговиот застапник. Меѓутоа во овие околности нивното место било заземено од адвокат кој бил безбедносно проверен и кој добил инструкции од судот, и кој вкрстено ги испитувал сведоците и генерално му помагал на судот да тестира колку силен бил случајот на државата. Краток преглед на доказите добиени со оваа постапка, со неопходни бришења, му бил даден на лицето што требало да се депортира. Судот коментирал дека тој:
„придава важност на фактот дека, како што посочиле оние што интервенирале во врска со членот 13 ... во Канада била развиена поделотворна форма на судска контрола во случаи од овој вид. Овој пример илустрира дека има техники кои можат да се применат, а кои одговарале на легитимните безбедносни интереси во однос на природата и изворите на разузнавачки информации, а сепак на лицето му давале значителна мерка на процедурална правда“.
211. Во Тинели и синовите ДОО и други и МекЕлдуф и други против Обединетото Кралство (Tinnelly & Sons Ltd and Others and McElduff and Others v. the United Kingdom, judgment of 10 July 1998, § 78, Reports 1998-IV) и во Ал-Нашиф против Бугарија (Al-Nashif v. Bulgaria, no. 50963/99, judgment of 20 June 2002, §§ 93-97 and 137), Судот упатил на своите коментари во Чахал во врска со процедурата со специјален застапник, но без да изрази некакво мислење за тоа дали таквата постапка би била во согласност со правата од Конвенцијата што се во прашање.
б. Примена на фактите од актуелниот случај
212. Пред домашните судови, имало два аспекти на оспорувањето на законитоста на притворот од страна на жалителите. Прво, тие поднеле постапки согласно членот 30 од Законот од 2001 г. за да ја оспорат полноважноста на дерогацијата согласно членот 15 од Конвенцијата и оттука компатибилноста со Конвенцијата на целокупната шема на притворање. Второ, секој жалител исто така поднел жалба согласно членот 25 од Законот од 2001 г. оспорувајќи дека притворот бил незаконски согласно домашниот закон бидејќи немало разумен основ да се верува дека неговото присуство во Обединетото Кралство претставувало ризик по националната безбедност или заради сомнеж дека бил терорист.
213. Судот не смета дека е потребно да се даде посебен наод согласно членот 5 § 4 во врска со жалбите на жалителите дека Домот на лордовите не можел да даде обврзувачка наредба за нивното ослободување, со оглед дека веќе утврдил повреда на членот 5 § 1 што произлегла од одредбите на домашниот закон.
214. Вториот основ на жалбата на жалителите во однос на членот 5 § 4 се однесува на правичноста на процедурата пред СКЖИП согласно членот 25 од Законот од 2001 г. за да се утврди дали државниот секретар разумно верувал дека присуството на секој од жалителите во Обединетото Кралство претставувало ризик за националната безбедност и се сомневал дека е терорист. Ова е посебно и специфично прашање кое не може да се каже дека е апсорбирано во наодите за повреда на членот 5 § 1, и кое Судот затоа мора да го испита.
215. Судот потсетува дека иако судиите кои го сочинувале СКЖИП можеле да ги разгледаат и “отворените“ и „запечатените“ материјали, ниту жалителите ниту нивните правни советници немале увид во запечатениот материјал. Наместо тоа, запечатениот материјал бил обелоденет на еден или повеќе специјални застапници назначени од генералниот адвокат да дејствуваат во име на секој од жалителите. Специјалниот застапник за време на затворените сесии пред СКЖИП можел да се изјасни во име на жалителот, како во однос на процедурални прашања како што е потребата за дополнително обелоденување, така и во однос на содржината на случајот. Меѓутоа, од моментот кога специјалниот застапник првпат имал увид во запечатениот материјал, нему не му било дозволено да има понатамошни контакти со жалителот и неговите претставници освен со одобрение на СКЖИП. Во однос на секоја жалба против прогласувањето, СКЖИП издавал и отворена и запечатена пресуда.
216. Судот поаѓа од тоа дека како што националните судови утврдиле и како што тој прифатил, за време на периодот на притворот на жалителите активностите и целите на мрежата на Ал Каеда ја зголемила „крзната состојба која се заканувала по животот на нацијата“. Затоа мора да се има на ум дека во релевантното време се сметало дека постои итна потреба за заштита на населението на Обединетото Кралство од терористички напад и, иако Обединетото Кралство не отстапило од членот 5 § 4, имало голем интерес кај јавноста да се дојде до информации за Ал Каеда и нејзините соработници и да се чуваат во тајноста изворите на такви информации (во врска со ова види го исто Кембел и Хартли, цитиран горе, § 39).
217. Меѓутоа наспроти овие важни јавни интереси како контра-рамнотежа било земено правото на жалителите согласно членот 5 § 4 за процедурална правичност. Иако судот утврди дека, со исклучок на вториот и четвртиот жалител, притворот на жалителите не потпаѓал под ниедна од категориите набројани во потставовите (а) и (ѓ) од членот 5 § 1, тој смета дека судската пракса во врска со судската контрола на притворот е релевантна со оглед дека во таквите случаи и разумност на сомнежот против притвореното лице е sine qua non (види во параграф 204 горе). Исто така во околностите на овој случај и со оглед на драматичните последици од долгото – и како што се чинело во тоа време неограничено – лишување од слобода врз основните права на жалителите, членот 5 § 4 мора во значителна мерка да ги пренесе гаранциите од членот 6 § 1 во својот кривичен аспект (Garcia Alva v. Germany, no. 23541/94, § 39, 13 February 2001 и исто така види во Чахал, цитиран горе, §§ 130-131).
218. Во овој контекст од суштинска важност е колку што е можно повеќе информации за исказите и доказите против секој жалител да бидат обелоденети без да се компромитира националната безбедност или сигурноста на другите. Онаму каде што не е можно целосно обелоденување, членот 5 § 4 бара контра-рамнотежата на проблемите што ова ги предизвикувава да биде постигната така што секој жалител сепак да има можност делотворно да ги оспори тврдењата против него.
219. Судот смета дека СКЖИП, кој бил целосно независен суд (види во параграф 91 горе) и кој можел да ги испита сите релевантни докази, како запечатени така и отворени, бил најдобро позициониран за да обезбеди никаков материјал непотребно да не биде скриен од притвореникот. Во оваа насока специјалниот застапник може да обезбеди важна и дополнителна заштита преку испитување на сведоците на државата околу потребата од тајност и преку поднесоци до судијата во врска со случајот за дополнително обелоденување. Врз основа на материјалот пред себе, Судот нема основа да утврди дека претерана и неоправда тајност била применета во однос на некоја од жалбите на жалителите или дека немало обврзувачки причини за необелоденување во секој случај.
220. Судот дополнително смета дека специјалниот застапник може да одигра важна улога во воспоставувањето на рамнотежа меѓу отсуството на целосно обелоденување и немањето на целосна, отворена, акузаторна расправа со тестирање на доказите и давање на докази во име на притвореникот за време на затворената расправа. Меѓутоа, специјалниот застапник не можел да ја врши оваа функција на корисен начин освен ако на притвореникот не му биле обезбедени доволно информации за тврдењата против него и со тоа да му се овозможи да му даде ефективни упатства на специјалниот застапник. Иако за ова прашање мора да се одлучува за секој случај поединечно, Судот забележува дека генерално онаму каде што имало докази кои во голема мерка биле обелоденети, а отворениот материјал играл доминантна улога во утврдувањето, не можело да се каже дека жалителот бил лишен од делотворна шанса да ја оспори разумноста на верувањето и сомнежите на државниот секретар во врска со него. Во други случаи, дури и онаму каде што сите или повеќето од основните докази останале необелоденети доколку тврдењата содржани во отворениот материјал биле доволно конкретни, жалителот требало да може да им обезбеди на своите претставници и специјалниот застапник информации со кои ќе ги побиеле, доколку такви информации постоеле, без тој да е запознаен со деталите или изворите на доказите кои ја формирале основата на тврдењата против него. Пример за ова би биле тврдењата против неколку од жалителите дека посетувале терористички камп за обука на одредена локација меѓу наведени дати; со оглед на прецизната природа на тврдењата ќе било можно жалителот да му достави на специјалниот жалител ослободувачки докази, на пример алиби или алтернативно објаснување за неговото присуство таму што ќе било доволно за да му овозможи на застапникот на делотворен начин да ги оспори тврдењата. Меѓутоа кога отворениот материјал се состоел чисто од општи тврдења и одлуката на СКЖИП да потврди одреден сертификат и да го задржи притворот се базирала исклучиво или до одлучувачки степен на запечатениот материјал, процедуралните барања на членот 5 § 4 не би биле задоволени.
221. Затоа Судот мора да ги процени постапките за издавање сертификат за секој од притворените жалители поединечно во контекст на овие критериуми.
222. Тој забележува дека отворениот материјал против шестиот, седмиот, осмиот, деветтиот и единаесеттиот жалител вклучувал детални тврдења за, на пример, набавката на одредена телекомуникациска опрема, поседување на одредени документи поврзани со именувани осомничени терористи и состаноци со именувани осомничени терористи со конкретни датуми и места. Тој смета дека овие тврдења биле доволно детални за да им се дозволи на жалителите делотворно да ги оспорат. Затоа не утврдува повреда на членот 5 § 4 во однос на шестиот, седмиот, осмиот, деветтиот и единаесеттиот жалител.
223. Главните тврдења против првиот и десеттиот жалител биле дека биле инволвирани во собирање на средства за терористички групи поврзани со Ал Каеда. Во случајот на првиот жалител имало отворен доказ на големи суми на пари кои поминувале низ неговата банкарска сметка, а во однос на десеттиот жалител имало отворен доказ дека бил вмешан во собирање пари по пат на измама. Меѓутоа во секој од случаите доказите кои наводно ја покажувале врската меѓу собраните пари и тероризмот не биле обелоденети на ниеден од жалителите. Во овие околности, Судот не смета дека овие жалители биле во позиција делотворно да ги оспорат тврдењата против нив. Затоа имало повреда на членот 5 § 4 во однос на првиот и десеттиот жалител.
224. Отворените тврдења во однос на третиот и петтиот жалител биле од општа природа, главно дека тие биле членови на именувани екстремистички исламски групи поврзани со Ал Каеда. СКЖИП забележала во своите пресуди со кои биле отфрлени сите жалби на жалителите дека отворените докази биле слаби и дека доказите на кои се потпирала против нив главно се наоѓале во запечатениот материјал. Повторно, Судот не смета дека овие жалители биле во позиција делотворно да ги оспорат тврдењата против нив. Затоа имало повреда на членот 5 § 4 во однос на третиот и петтиот жалител.
V. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 1 ВО ВРСКА СО ЧЛЕНОТ 13
225. Жалителите тврдеа од друга страна дека прашањата за кои се жалеле во однос на членот 5 § 4 исто така повлекувале повреда на членот 13. Во контекст на своите наоди горе, Судот не смета дека е неопходно да се разгледуваат овие жалби посебно.
VI. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 5 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
226. Конечно жалителите се жалеле дека и покрај тоа што биле незаконски притворени со што бил прекршен членот 5 §§ 1 и 4 тие немале применливо право на надоместок, со што бил повреден членот 5 § 5 кој уредува:
„Секое лице кое било жртва на апсење или притворање спротивно на одредбите на овој член, има применливо право на обесштетување.“
227. Владата тврдеше дека немало повреда на членот 5 во овој случај, така што не важел членот 5 § 5. Во случај Судот да утврдел повреда на членот 5, членот 5 § 5 би барал „применливо право на обесштетување“, но не дека би морало да се додели обесштетување во секој случај. Со оглед дека националните судови утврдиле дека било разумно што државниот секретар се сомневал дека жалителите се „меѓународни терористи“ како прашање на принцип тие немале право на обесштетување од националните судови.
А. Допуштеност
228. Судот забележува дека била утврдена повреда на членот 5 § 1 во однос на сите жалители освен вториот и четвртиот, и дека било утврдена повреда на членот 5 § 4 во однос на првиот, третиот, петтиот и десеттиот жалител. Од тука следи дека жалбите на вториот и четвртиот жалител согласно членот 5 § 5 биле недопуштени, но дека жалбите на другите жалители се допуштени.
Б. Основаност
229. Судот забележува дека гореспоменатите повреди не можат да повлечат применливо побарување на обесштетување од страна на жалителите пред националните судови. Следи дека имало повреда на членот 5 § 5 во однос на сите жалители освен вториот и четвртиот жалител (види Brogan and Others v. the United Kingdom, judgment of 29 November 1988, § 67, Series A no. 145-B и Фокс, Кембел и Хартли, цитиран горе, § 46).
VII. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 6 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
230. Жалителите тврделе од друга страна дека процедурата пред СКЖИП не била компатибилна со членот 6 §§ 1 и 2 од Конвенцијата кој уредува:
„1. Секој има право правична и јавна расправа, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд за утврдување на неговите граѓански права и обврски или основаноста на кривично обвинение против него. Пресудата се изрекува јавно, но новинарите и јавноста можат да бидат исклучени за време на целото или на дел од судењето во интерес на моралот, јавниот ред или националната безбедност во едно демократско општество, кога тоа го наложуваат интересите на малолетници или заштитата на приватниот живот на странките во спорот, или кога тоа судот го смета за апсолутно неопходно затоа што во посебни околности публицитетот би можел да им нанесе штета на интересите на правдата.
2. Секој кој е обвинет за кривично дело се смета за невин сè додека не се докаже дека е виновен согласно законот.“
231. Жалителите тврделе дека членот 6 бил lex specialis во однос на гаранциите за правично судење. Режимот што се разгледувал претставувал најсериозната форма на извршна мерка против лица осомничени како терористи усвоена од земјите членки на Советот на Европа во периодот после 2001 година. Била усвоена за да му се овозможи на Обединетото Кралство да покрене постапки против поединци само врз основа на разумен сомнеж, што произлегува од докази кои не можат да се изнесат во обичните судови. Самото тоа барало анализа во согласност со членот 6. Постапките имале за цел утврдување на кривично обвинение, во рамките на автономното значење усвоено согласно членот 6 § 1, како и заради утврдување на граѓанските права и обврски. Примената на запечатен материјал значела повреда на членот 6.
232. Во изјаснувањата на Владата членот 5 § 4 бил lex specialis во однос на притворот и прашањата требале да се разгледаат во однос на таа одредба. Но во секој случај членот 6 не важел, затоа што одлуката на СКЖИП во однос на тоа дали требало да има притвор се однесувала на „специјални мерки за имиграциска контрола“ и со тоа не утврдила ниту кривично обвинение ниту граѓанско право или обврска. Дури и ако членот 6 § 1 важел, немало повреда, од причини кои се утврдени горе во однос на членот 5 § 4.
233. Без да дојдеме до некаков заклучок во однос на тоа дали постапките пред СКЖИП потпаѓале под опсегот на членот 6, Судот ги прогласува овие жалби за допуштени. Меѓутоа тој горе забележува дека ги испитал прашањата во врска со примената на специјални застапници, затворени расправи и отсуство на целосно обелоденување во постапката пред СКЖИП во врска со жалбите на жалителите согласно членот 5 § 4. Во контекст на целосното испитување, тој не смета дека е неопходно да ги разгледа жалбите согласно членот 6 § 1.
VIII. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
234. Жалителите барале надоместок за материјална и нематеријална штета претрпена како резултат на повредите, заедно со трошоците и издатоците согласно членот 41 од Конвенцијата кој уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
Владата тврдеше дека доделувањето на правичен надоместок не би бил ниту неопходен ниту соодветен во овој случај.
А. Отштета
1. Побарувања на жалителите
235. Жалителите се изјасниле дека материјален правичен надоместок бил неопходен и соодветен. Кога се проценува количеството, насоки можат да се добијат од она што имаат доделено домашните судови во однос на незаконските притвори и од она што е доделено од Судот во минатите случаи (тие се однесуваат, inter alia, на Perks and Others v. the United Kingdom, nos. 25277/94, 25279/94, 25280/94, 25282/94, 25285/94, 28048/95, 28192/95 and 28456/95, judgment of 12 October 1999, каде биле доделени 5.500 фунти за незаконско затворање од шест дена и Tsirlis and Kouloumpas v. Greece, judgment of 29 May 1995, Reports 1997-III, каде на жалителите им била доделена отштета во противвредност од 17.890 фунти и 16.330 фунти, соодветно во врска со периодите на затвор од 13 и 12 месеци заради одбивање да служи војска).
236. Првиот жалител барал надоместок за својата загуба на слобода меѓу 19 декември 2001 г. и 11 март 2005 г., период од три години и 83 дена, и последователно ментално страдање, вклучувајќи ментално заболување. Тој поднел дека надоместокот дополнително требал да го земе во предвид страдањето претрпено од неговата сопруга и семејство како резултат на разделеноста и негативниот публицитет. Тој предложил отштета од 234.000 фунти за да му се покрие нематеријалната штета. Дополнително барал приближно 7.500 фунти материјална отштета за да ги покрие трошоците за посетите на неговото семејство на него додека бил во притвор и други трошоци.
237. Третиот жалител барал надоместок за својата загуба на слободата меѓу 19 декември 2001 г. и 11 март 2005 г. и последователното ментално страдање, вклучувајќи ментално заболување заедно со страдањето што го трпеле неговата сопруга и деца. Тој предложил износ од 230.000 фунти за нематеријална штета, заедно со материјална отштета од 200 фунти за патни трошоци што ги имала неговата сопруга и сума за да ја покрие својата изгубена шанса да започне бизнис во Обединетото Кралство.
238. Петтиот жалител барал надоместок за својот притвор меѓу 19 декември 2001 г. и 22 април 2004 г., неговиот последователен домашен притвор до 11 март 2005 г. и последователното ментално страдање, вклучувајќи ментално заболување заедно со страдањето што го трпеле неговата сопруга и деца. Тој предложил износ од 240.000 фунти за нематеријална штета, заедно со материјална отштета од 5.500 фунти за патни трошоци и трошоци за чување на дете што ги имала неговата сопруга и парите што таа му ги испраќала додека бил во затвор.
239. Шестиот жалител барал надоместок за својот притвор меѓу 19 декември 2001 г. и 11 март 2005 г. и последователното ментално страдање, заедно со страдањето што го трпеле неговата сопруга и деца. Тој предложил износ од 217.000 фунти за нематеријална штета, заедно со материјална отштета од 51.410 фунти за загубена заработувачка како самовработен патен агент и за патните трошоци што ги направила неговата сопруга.
240. Седмиот жалител побарал надоместок за својот притвор меѓу 8 февруари 2002 г. и 11 март 2005 г. и последователното ментално страдање, вклучувајќи ментална болест. Тој предложил износ од 197.000 фунти за нематеријални штети. Немал никакви побарувања во однос на материјална штета.
241. Осмиот жалител барал надоместок за својата загуба на слобода меѓу 23 октомври 2002 г. и 11 март 2005 г. и последователното ментално страдање, заедно со страдањето што го трпеле неговата сопруга и деца. Тој предложил износ од 170.000 фунти за нематеријални штети заедно со материјална отштета од 4.570 фунти, вклучувајќи ги парите што неговата сопруга му ги испраќала во затвор и нејзините трошоци за селење за да го избегне несаканото внимание на медиумите.
242. Деветтиот жалител барал надоместок за својата загуба на слобода меѓу 22 април 2002 г. и 11 март 2005 г. и последователното ментално страдање, вклучувајќи ментално заболување заедно со страдањето што го трпеле неговата сопруга и деца. Тој предложил износ од 215.000 фунти за нематеријални штети, заедно со материјална отштета од 7.725 фунти, вклучувајќи и пари кои морал да ги позајми за да и помогне на својата сопруга со трошоците за домаќинството, парите што сопругата му ги праќала во затвор и нејзините патни трошоци за да му дојде во посета. Тој исто побарал и сума за да ја покрие својата изгубена шанса да се етаблира во бизнисот во Обединетото Кралство.
243. Десеттиот жалител барал надоместок за својата загуба на слобода меѓу 14 јануари 2003 г. и 11 март 2005 г. и последователното ментално страдање, вклучувајќи ментално заболување. Тој предложил износ од 144.000 фунти за нематеријални штети, заедно со материјална отштета од 2.751 фунти, вклучувајќи и загуба на неделна исплата од 37 фунти што ги добивал од Националната служба за поддршка на азил пред неговиот притвор и трошоците за телефонски повици до своите правни претставници.
244. Единаесеттиот жалител барал надоместок за својата загуба на слобода меѓу 2 октомври 2003 г. и 11 март 2005 г. и последователното ментално страдање. Тој предложил износ од 95.000 фунти за нематеријални штети но не побарал материјална отштета.
2. Изјаснување на Владата
245. Владата потпирајќи се на пресудата на Судот во случајот МекКен и други против Обединетото Кралство (McCann and Others v. the United Kingdom, judgment of 27 September 1995, § 219, Series A no. 324) тврдела дека како прашање на принцип жалителите немале право да добијат никаква форма на финансиски надоместок бидејќи тие биле правилно осомничени врз објективна и разумна основа за вмешаност во терористички активности и не успеале да го отфрлат тој сомнеж.
246. Владата посочила дека Делот 4 од Законот од 2001 г. бил усвоен и била направена дерогација со добра намера во обид да се справи со нешто што се сметало дека е крајно сериозна ситуација која достигнувала до кризна состојба која се заканувала по животот на нацијата. Клучниот проблем со шемата за притвор според Законот од 2001 г. како што било идентификувано од СКЖИП и Домот на лордовите бил во тоа што тој не важел подеднакво за државјаните на Обединетото Кралство како што важел за странски државјани. По пресудата на Домот на лордовите, веднаш било разгледано прашањето што треба да се направи со жалителите во услови на кризната состојба и било одлучено дека требало да се воспостави систем за налози за контрола. Во овој контекст не може да се сугерира дека Владата дејствувала цинично или со флагрантни непочитување на правата на поединците.
247. Исто така Владата се изјаснила дека не требало да се додели правичен надоместок за процедурална повреда утврдена од Судот (на пример, согласно членот 5 §§ 4 или 5) со оглед дека не било можно да се шпекулира што би се случило доколку немало повреда (Kingsley v. the United Kingdom [GC], no. 35605/97, ECHR 2002-IV; Hood v. the United Kingdom, no. 27267/95, ECHR 1999-I).
248. Во случај Судот да одлучел да додели материјална отштета тој требало внимателно да го разгледа секое побарување дали е поддржано со доволно докази, дали побарувањето е доволно тесно поврзано со повредата и дали побарувањето е разумно во однос на износот.
3. Оценка на Судот
249. Судот потсетува најпрво дека не утврдил повреда на член 3 во овој случај. Од тоа произлегува дека не може да додели никаква отштета во врска со ментално страдање, вклучувајќи ментално заболување, кои наводно произлегле од условите на притворот или отворената природа на шемата на притворот во Делот 4 од Законот од 2001 г.
250. Меѓутоа тој утврди повреди на членот 5 §§ 1 и 5 во однос на првиот, третиот, петтиот, шестиот, седмиот, осмиот, деветтиот, десеттиот и единаесеттиот жалител и повреда на членот 5 § 4 во однос на првиот, третиот, петтиот, и десеттиот жалител. Затоа во согласност со членот 41 на овие жалители може да им додели паричен надоместок доколку смета дека тоа е „неопходно“. Судот има широка дискреција во одлучувањето кога треба да се додели обесштетување, и честопати одлучува дека утврдувањето на повреда е доволен надоместок без никакво дополнително парично доделување на отштета (види го, меѓу другите примери, Николова, цитиран горе, § 76). Во примената на своето дискреционо право Судот ги зема во предвид сите околности на случајот, вклучувајќи ја и природата на повредите што се утврдени, како и дали има некакви специјални околности кои се однесуваат на контекстот на случајот.
251. Судот потсетува дека во пресудата во случајот на МекКен и други, цитиран горе, § 219, тој одбил да додели отштета во однос на материјалната и нематеријалната штета што произлегувала од повредата на членот 2 од Конвенцијата со оглед на фактот дека тројцата осомничени терористи кои биле убиени имале намера да постават бомба на Гибралтар. Тој смета дека овој случај е различен со оглед дека не било утврдено дека некој од жалителите презел или се обидел да преземе некаков акт на терористичко насилство.
252. Одлуката дали да се додели паричен надоместок во овој случај и доколку се додели, износот на таквата отштета, мора да земе во предвид низа фактори. Жалителите биле притворени долго време со што бил повреден членот 5 § 1, а Судот во минатото има доделено големи суми за правичен надоместок за незаконски притвор (види на пример во Assanidze v. Georgia [GC], no. 71503/01, ECHR 2004-II, или случајот цитиран од жалителите во параграф 235 горе). Меѓутоа актуелниот случај многу се разликува. По нападите на Ал Каеда во САД на 11 септември 2001 г., во ситуација која домашните судови и овој Суд ја прифатија за кризна состојба која се заканувала по живото на нацијата, Владата имала обврска да го заштити населението на Обединетото Кралство од терористичко насилство. Шемата на притвор во Делот 4 од Законот од 2001 г. била замислена со добра намера како обида за помирување на потребата за спречување на организирањето на терористички акти со обврската согласно членот 3 од Конвенцијата да не се отстрани или депортира лице во земја каде што може да се соочи со вистински ризик од малтретирање (види параграф 166 горе). Иако Судот, како и Домот на лордовите утврдиле дека мерките на отстапување биле несразмерни, клучниот дел од тој наод бил дека законот бил дискриминирачки со тоа што се однесувал само на лицата кои не се државјани. Исто така по пресудата на Домот на лордовите шемата за притвор според Законот од 2001 г. била заменета од систем за налози за контрола според Законот за спречување на терористички акти од 2005 г. Сите жалители во однос на кои Судот утврди повреда на членот 5 § 1 веднаш по ослободувањето во март 2005 г., станале предмет на налози за контрола. Затоа не може да се претпостави дека, дури и ако повредите во актуелниов случај не се случиле, жалителите не би биле подложени на некакво ограничување на нивната слобода.
253. Во овој контекст Судот утврдува дека околностите го оправдуваат доделувањето на значително помала сума од онаа што ја доделил во други случаи на незаконски притвор. Тој доделува по 3.900 евра на првиот, третиот и шестиот жалител; 3.400 евра на петтиот жалител; 3.800 евра на седмиот жалител; 2.800 евра на осмиот жалител; 3.400 евра на деветтиот жалител; 2.500 евра на десеттиот жалител; и 1.700 евра на единаесеттиот жалител заедно со сите даноци на кои можеби подложат.
Б. Трошоци и издатоци
254. Жалителите не побараа трошоци во однос на домашните постапки со оглед дека тие биле повратени како резултат на налог даден од Домот на лордови. Нивното вкупно побарување на трошоците за постапката пред Судот изнесуваше 144.752,64 британски фунти, со вклучен данок на додадена вредност („ДДВ“). Ова вклучуваше 599 часа одработени од помладите адвокати со хонорар од 70 фунти на час плус ДДВ, 342,5 часа одработени од адвокатот со 150 фунти на час плус ДДВ и 85 часа одработени од постар адвокат со 200 фунти на час плус ДДВ во изготвувањето на жалбата, забелешките и побарувањето на правичен надоместок пред Судскиот совет и Големиот судски совет, заедно со исплатите за стручните извештаи и трошоците за расправата пред Големиот судски совет. Тие се изјаснија дека било неопходно да се ангажираат низа различни адвокати со различни области на специјалност со оглед на ширината на проблемите кои требале да бидат опфатени и доказите во случајот, во врска со настаните што се случиле пред повеќе од десет години.
255. Владата се изјасни дека побарувањето било претерано. Особено што се однесува до часовите потрошени од помладите адвокати и адвокатот во подготовката на предметот кои не можеле да бидат оправдани со оглед дека секој од жалителите бил претставуван во текот на домашните постапки за време на кои мора да биле добиени детални насоки, и биле разгледани буквално сите прашања што ги содржела жалбата до Судот. Хонорарите на час кои ги наплаќал адвокатот исто така биле претерани.
256. Судот потсетува дека жалителот има право на рефундирање на оние трошоци кои навистина и неопходно се случиле за да се спречи или поправи повредата на Конвенцијата, до мерка таквите трошоци да се разумни што се однесува до износот (Кингсли, цитиран горе, § 49). Иако прифаќа дека бројот на жалители неизбежно барал дополнителна работа од нивните претставници, забележува дека поголемиот дел од индивидуализираниот материјал поднесен до Судот се однесувал на жалбите на жалителите согласно членот 3 од Конвенцијата и нивните побарувања за правичен надоместок кои произлегуваа од тие жалби, а кои Судот ги одби. Исто така го прифаќа аргументот на Владата дека низа од прашањата, особено оние поврзани со дерогацијата согласно членот 15 од Конвенцијата, веќе биле изнесени пред националните судови што требало да го намали времето неопходно за подготовка на овој дел од случајот. Во овој контекст, смета дека на жалителите треба да им се доделат вкупно 60.000 евра за трошоци и издатоци заедно со сите даноци на кои можеби подложат жалителите.
В. Казнена камата
257. Судот смета дека е соодветно казнената камата да се заснова на маргиналната стапка на позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНА, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ги прогласи жалбите на вториот жалител во однос на членовите 3 и 13 од Конвенцијата за недопуштени, а жалбите на првиот, третиот, четвртиот, петтиот, шестиот, седмиот осмиот, деветтиот, десеттиот и единаесеттиот жалител согласно членовите 3 и 13 за допуштени (види ги параграфите 123-125 од пресудата);
2. Одлучи дека немало повреда на членот 3 од Конвенцијата разгледан сам или заедно со членот 13, во однос на првиот, третиот, четвртиот, петтиот, шестиот, седмиот осмиот, деветтиот, десеттиот и единаесеттиот жалител (параграфи 126-136);
3. Ги отфрли прелиминарните приговори на жалителите дека Владата треба да биде спречена да даде одбрана во однос на членот 5 § 1(ѓ) од Конвенцијата или да ги оспори наодите на Домот на лордовите дека дерогацијата согласно членот 15 била невалидна (параграфи 153-159);
4. Ги прогласи жалбите на жалителите во однос на членот 5 § 1 од Конвенцијата за допуштени (параграф 160);
5. Одлучи дека немало повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата во однос на вториот и четвртиот жалител (параграфи 162-168);
6. Одлучи дека имало повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата во однос на првиот, третиот, петтиот, шестиот, седмиот, осмиот, деветтиот, десеттиот и единаесеттиот жалител (параграфи 162-190);
7. Одлучи дека не е неопходно да ги испита жалбите на жалителите во однос на членовите 5 § 1 и 14 разгледани заедно (параграф 192);
8. Ги прогласи жалбите на вториот и четвртиот жалител во однос на членот 5 § 4 од Конвенцијата за недопуштени, а жалбите на првиот, третиот, петтиот, шестиот, седмиот, осмиот, деветтиот, десеттиот и единаесеттиот жалител во однос на членот 5 § 4 за допуштени (параграфи 200-201);
9. Одлучи дека не е неопходно да ги разгледа жалбите на првиот, третиот, петтиот, шестиот, седмиот, осмиот, деветтиот, десеттиот и единаесеттиот жалител согласно членот 5 § 4 дека Домот на лордовите не можел да донесе обврзувачки налог за нивно ослободување (параграф 213);
10. Одлучи дека имало повреда на членот 5 § 4 од Конвенцијата во однос на првиот, третиот, петтиот и десеттиот жалител, но немало повреда на членот 5 § 4 во однос на шестиот, седмиот, осмиот, деветтиот и единаесеттиот жалител (параграфи 202-224);
11. Одлучи дека не е неопходно да ги испита жалбите на жалителите во однос на членовите 5 § 1 и 13 разгледани заедно (параграф 225);
12. Ги прогласи жалбите на вториот и четвртиот жалител во однос на членот 5 § 5 од Конвенцијата за недопуштени, а жалбите на првиот, третиот, петтиот, шестиот, седмиот, осмиот, деветтиот, десеттиот и единаесеттиот жалител во однос на членот 5 § 5 за допуштени (параграф 228);
13. Одлучи дека имало повреда на членот 5 § 5 од Конвенцијата во однос на првиот, третиот, петтиот, шестиот, седмиот, осмиот, деветтиот, десеттиот и единаесеттиот жалител (параграф 229);
14. Ги прогласи жалбите на жалителите во однос на членот 6 од Конвенцијата за допуштени (параграф 233);
15. Одлучи дека не е неопходно да се испитаат жалбите на жалителите во однос на членот 6 од Конвенцијата (параграф 233);
16. Одлучи дека тужената држава треба да ги исплати, во рок од три месеци, следниве износи конвертирани во британски фунти според стапката што ќе важи на денот на исплатата:
(а) во однос на материјалната и нематеријалната штета 3.900 евра (три илјади и деветстотини евра) на првиот, третиот и шестиот жалител; 3.400 евра (три илјади и четиристотини евра) на петтиот жалител; 3.800 евра (три илјади и осумстотини евра) на седмиот жалител; 2.800 евра (две илјади и осумстотини евра) на осмиот жалител; 3.400 евра (три илјади и четиристотини евра) на деветтиот жалител; 2.500 евра (две илјади и петстотини евра) на десеттиот жалител; и 1.700 евра (илјада и седумстотини евра) на единаесеттиот жалител, плус сите даноци на кои можеби подложат;
(б) на жалителите заеднички, за трошоци и издатоци, 60.000 евра (шеесет илјади евра), плус сите даноци на кои можеби подложат жалителите;
(в) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата простата камата ќе се плаќа на гореспоменатите износи по стапка еднаква на маргиналната стапка на позајмување на Европската централна банка за време на казнениот период плус три процентни поени (параграфи 249-257);
17. Ги отфрли останатите побарувања на жалителите за правичен надоместок.
Изготвена на англиски и француски јазик, и донесена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 19 февруари 2009 г.
Мајкл О’БојлЖан-Пол Коста
Заменик секретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy