© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка за судската пракса на Судот, бр. 116
февруари 2009
A. and Others v. the United Kingdom - 3455/05
Пресуда 19.2.2009 [GC]
Член 5
Член 5-1-f
Протерување
Екстрадиција
Неограничен притвор на странски државјани осомничени за вмешаност во тероризам: повреда
Член 3
Понижувачко постапување
Нечовечко постапување
Неограничен притворање странски државјани осомничени за вмешаност во теророзам: нема повреда
Член 5
Член 5-4
Поведување постапка
Задржување материјал релевантен за законитоста на притворот поради причини на национална безбедност: повреди; нема повреди
Член 15
Валидност на отстапувањето од обврските од член 5 § 1 во однос на овластувањата за задржување во притвор на странски државјани, кои се осомничени за тероризам и кои не можат да бидат депортирани поради страв од злоставување: не е валидно
Член 41
Правично задоволување
Надомест во случај кога незаконското задржување во притвор е резултат на јавна опасност и на неможноста на државата да ги депортира апликантите во нивната држава на потекло поради страв од злоставување: намален износ
Факти: По терористичките напади од 11 септември 2001 година врз Соединетите Американски Држави, британската Влада сметаше дека Обединетото Кралство е под закана од бројни странски државјани присутни во државата, кои создаваа мрежа за поддршка на терористички операции на исламски екстремисти поврзани со Ал-Каеда. Со оглед дека некои од овие лица не можеа да бидат депортирани бидејќи беа под ризик од злоставување во државата од која потекнуваат, Владата сметаше дека е потребно да ги прошири овластувањата, со што ќе се овозможи тие да бидат ставени во притвор кога државниот секретар оправдано верува дека нивното присуство во Обединетото Кралство претставува ризик за националната безбедност и оправдано се сомнева дека тие се „меѓународни терористи“. Со оглед дека Владата сметаше дека овој план за задржување во притвор не може да биде во согласност со член 5 § 1 од Конвенцијата, таа издаде известување за дерогација според член 15, во кое се повика на одредбите од Дел 4 од Законот за антитероризам, криминал и безбедност од 2001 година („Закон од 2001 година“), вклучувајќи и овластувања за задржување во притвор на странски државјани сертифицирани како „осомничени меѓународни терористи“, кои „сега за сега“ не можат да бидат отстранети од Обединетото Кралство.
Дел 4 од Законот од 2001 година влезе во сила во декември 2001 година и беше укинат во март 2005 година. Во текот на неговата важност 16 странски државјани, вклучувајќи ги и 11-темина апликанти, биле сертифицирани и задржани во притвор. Шестмина апликанти биле затворени во декември 2001 година, а останатите на различни датуми до октомври 2003 година. Вториот и четвртиот апликант биле ослободени откако избрале да заминат од Обединетото Кралство, вториот за Мароко три дена по неговото апсење, а четвртиот за Франција по три месеци. Другите останале во притвор во затворот Белмарш, но тројца биле префрлени во сигурна болница за ментални болести по влошување на нивното психичко здравје (што во еден случај довело до обид за самоубиство), а уште еден од апликантите бил ослободен со парична гаранција во април 2004 година, во услови еднакви на домашен притвор, повторно поради сериозна загриженост за неговото психичко здравје.
Одлуката да се сертиаатфици апликантите според Законот од 2001 година беше предмет на шестмесечна ревизија пред Специјалната имиграциона комисија за жалби (SIAC).Сите апликанти поединечно поднеле жалба против одлуката на државниот секретар да ги сертифицира. SIAC употребила постапка која ѝ овозможила да ги разгледа доказите што можеле да бидат обелоденети во јавност („отворен материјал“) и чувствителните докази кои не смееле да се обелоденат поради национална безбедност („затворен материјал”). На притворените лица и на нивните законски претставници им бил даден отворениот материјал и им било дозволено да коментираат за него во писмена форма и на рочиште. Затворениот материјал не им бил обелоденет на притворените лица или на нивните адвокати, туку на „специјалниот адвокат“ кого Јавниот правобранител го именувал за секој од притворените. Покрај отворените рочишта, SIAC одржувала и затворени рочишта за да ги испита тајните докази, каде специјалниот адвокат можел да дава изјави во име на притворените во однос на процедурални прашања, како што е потребата од натамошно обелоденување и суштината и сигурноста на затворениот материјал. Меѓутоа, откако специјалниот адвокат ќе го видел затворениот материјал, тој повеќе не смеел да има никаков контакт со притворениот или со неговите адвокати, освен со дозвола од судот. SIAC ги отфрлила сите жалби на апликантите против сертификацијата.
Апликантите покренале и постапки во кои ја оспориле основната законитост на дерогацијата според член 15. За овие постапки на крај одлука донел Горниот дом на 16 декември 2004 година. Тој сметал дека иако постои јавна опасност која му се заканува на опстанокот на нацијата, планот за притворање рационално не ја решава заканата по безбедноста и, според тоа, е несразмерен. Поточно, има докази дека и државјани на Обединетото Кралство, исто така, се вмешани во терористички мрежи поврзани со Ал-Каеда и дека со планот за притвор неоправдано се врши дискриминација против странски државјани. Затоа тој издал декларација за некомпатибилност според Законот за човекови права и наредбата за дерогација била поништена. Дел 4 од Законот од 2001 година бил укинат од Парламентот во март 2005 година, и оние апликанти кои сè уште биле во притвор биле ослободени и подложени на наредби за контрола според Законот за спречување тероризам од 2005 година.
Право: Членови 5 § 1 (f) и 15 – (a) Опфат на предметот: Владата не е спречена да се базира на потстав (f) пред Судот, иако не го направила тоа пред домашните судови, бидејќи експлицитно го држела отворено прашањето на примена на член 5 во текстот на дерогацијата и во домашните постапки, а Горниот дом, пред да ја процени валидноста на дерогацијата, ја разгледал усогласеноста на притворот со член 5 § 1. Исто така, нема принципиелна причина да се спречува Владата да ги даде сите аргументи што ги има за да ја одбрани постапката пред Судот, дури иако тоа е поврзано со доведување во прашање на заклучокот на сопствениот Врховен суд. Според тоа, прелиминарните приговори на апликантите за овие две точки се отфрлаат.
(b) Мериторност: Судот прво треба да потврди дали притворот на апликантите е дозволив според член 5 § 1 (f). Само доколку не е, тој ќе треба да ја утврди валидноста на дерогацијата.
(1) Дали притворот е дозволив: Лишувањето од слобода на лица „против кои се презема акција со цел депортирање или екстрадиција“ е оправдано сè додека постапките за депортација или за екстрадиција се во тек и под услов тие да се спроведуваат со целосна и одговорна проверка на целокупната ситуација (due diligence). Судот не утврди повреда во однос на вториот и на четвртиот апликант, кои биле притворени само краток период, по што избрале да заминат од Обединетото Кралство. Меѓутоа, очигледно е дека преостанатите деветмина апликанти биле сертифицирани и притворени бидејќи биле осомничени дека се меѓународни терористи чие присуство на слобода во Обединетото Кралство создава закана за националната безбеднопст. Една од главните претпоставки кои биле во основата на известување за дерогација, Законот од 2001 година и на одлуката да се притворат апликантите, била дека тие „засега“ не можат да бидат отстранети или депортирани. Нема докази дека постоеле реални изгледи за нивно протерување без тие да бидат ставени во опасност од злоставување. Во овие околности, политиката на Владата можноста за депортирање на апликантите да биде „активно ревидирана“ не е доволно сигурна или детерминирачка за да претставува „акција...која се презема со цел депортација“. Согласно тоа, притворот на апликантите не спаѓа во исклучокот од член 5 § 1 (f).
(2) Дали дерогацијата е валидна: Највисокиот домашен суд го испитал ова прашање и заклучил дека, иако постоела јавна закана која го загрозува опстанокот на нацијата, мерките што биле преземени како одговор не биле стриктно потребни заради конкретните карактеристики на ситуацијата. Според тоа, Судот смета дека би било оправдано да се донесе спротивен заклучок само доколку е уверен дека националниот суд погрешно го протолкувал или применил член 15 или поврзаната судска пракса или дека тој донел заклучок кој, очигледно, е неоснован.
(i) „Јавна закана која го загрозува опстанокот на нацијата “: Пред домашните судови државниот секретар презентирал докази за да покаже дека постои закана од сериозни терористички напади, кои се планираат против Обединетото Кралство. Пред SIAC биле презентирани дополнителни затворени докази. Сите освен еден национален судија прифатиле дека опасноста е веродостојна. Иако во времето кога било донесена дерогацијата во рамките на територијата не бил извршен ниту еден напад од Ал-Каеда, националните власти не може да се критикуваат поради страв дека претстои таков напад. Од една држава не може да се бара да чека да се случи катастрофа, а потоа да презема мерки за да се справува со неа.Националните власти имаат широка маргина на дискреција во оценувањето на заканата врз основа на познатите факти. Треба да се даде тежина на оценката на извршната власт и на Парламентот, а особено на ставовите на националните судови, кои се во подобра положба од Европскиот суд да ги проценат релевантните докази. Според тоа, Судот прифаќа дека постоела јавна закана за опстанокот на нацијата.
(ii) Дали стриктно биле потребни мерките за дерогација: Владата го оспори наодот на Горниот дом дека притворот на апликантите е несразмерен врз пет основи. Како одговор на нејзиниот прв аргумент дека домашните судови ѝ дале на државата премногу тесна маргина на дискреција во проценката на тоа кои мерки се строго потребни, Судот објасни дека доктрината на маргина на дискреција отсекогаш била замислена така што да претставува инструмент за дефинирање на односите меѓу домашните власти и Судот; таа не може да има иста примена во односите меѓу различни органи на државата на домашно ниво. Прашањето дали мерките се строго неопходни, на крај, претставува судска одлука, особено во случаи кога, како што е овој, апликантите подолг период биле лишени од нивното основно право на слобода. Во секој случај, Горниот дом им пристапил на прашањата со внимателност и не може да се каже дека дал несоодветна тежина на ставовите на извршната власт или на Парламентот. Што се однесува до вториот аргумент на Владата дека Горниот дом ги испитал законите во апстрактна смисла, а не конкретните предмети на апликантите, Судот забележа дека пристапот според член 15 нужно се фокусира на општата состојба и дека во случаи кога, како што е сегашниот случај, е утврдено дека мерките се несразмерни и дискриминаторни, нема потреба да се испитува нивната примена во секој индивидуален случај. Во однос на третата точка на Владата дека заклучокот на Горниот дом не се осврнува на одбивањето на потребата да се притворат апликантите, туку на немање законодавни овластувања за притворање државјани кои претставуваат ризик за националната безбедност, Судот е на мислење дека Горниот дом со право сметал дека на проширените овластувања за притворање не треба да се гледа како на имиграциски мерки, кога разликата меѓу лицата кои се државјани и лицата кои не се државјани би била легитимна, туку како на мерки кои се однесуваат на националната безбедност. Изборот на имиграциска мерка за решавање на прашање кое, во суштина, претставува безбедносно прашање резултира со пропуст соодветно да се реши проблемот, при што се наметнува несразмерен и дискриминаторски товар на временски неограничен притвор врз една група осомничени терористи. Не постои значајна разлика во потенцијалното неповолно влијание на притвор без обвинение на некој државјанин или на недржавјанин кој, практично, не може да замине од земјата без страв од злоставување во друга земја. Двата завршни аргумента на Владата – дека е легитимно да се ограничи планот за притвор на лица кои не се државјани за да се избегне создавање непријателско чувство кај британското муслиманско население и дека државата може подобро да одговори на терористичка закана ако е во можност да го лиши од слобода нејзиниот најсериозен извор, имено лица кои не се државјани – не се издржани поради немање докази. Сè на сè, мерките на дерогација се несразмерни поради тоа што неоправдано вршат дискриминација меѓу лица кои се државјани и лица кои не се државјани на државата.
Заклучок: повреда освен во однос на вториот и на четвртиот апликант (едногласно).
Член 5 § 4 – Апликантите се пожалиле дека постапката пред SIAC била неправична бидејќи доказите против нив не биле целосно обелоденети. Судот ги прогласи жалбите на вториот и на четвртиот апликант за неприфатливи бидејќи тие веќе биле на слобода кога почнала постапката за утврдување на законитоста на притворот во согласност со Законот од 2001 година. Во однос на преостанатите апликанти, силниот интерес на јавноста за добивање информации за Ал-Каеда и нејзините соработници и зачувувањето на тајноста на изворите мора да бидат избалансирани во однос на правото на апликантите за процедурална правичност во решавањето на нивните жалби. Според тоа, од суштинско значење е да бидат обелоденети колку што е можно повеќе информации за тврдењата и докази против нив без притоа да се загрози националната безбедност или безбедноста на другите, и тие да имаат можност ефикасно да го оспорат предметот против нив. Судот прифаќа дека SIAC е целосно независен суд кој може да ги испитува сите релевантни докази и да обезбеди ниту еден материјал да не биде непотребно задржан, дека специјалниот адвокат претставува значајна дополнителна заштита и дека не постои ништо што би укажувало дека била применета прекумерна и неоправдана мерка за зачувување на тајноста или дека немало убедливи причини за необелодување во секој од случаите. Меѓутоа, на крај, прашањето е дали во случај кога основните докази не се обелоденети, тврдењата во отворениот материјал се доволно конкретни за да му овозможат на апликантот да им даде на своите претставници и на специјалниот адвокат информации со кои ќе ги побијат.
Применувајќи го тој тест, Судот забележа дека отворениот материјал против петтемина апликанти вклучува тврдења (на пример, за купување конкретна телекомуникациска опрема, поседување специфични документи поврзани со именувани осомничени терористи и средби со именувани осомничени терористи, со посебни датуми и места), кои се доволно детални за да овозможат делотворно оспорување. Според тоа, процедуралното барање во нивниот случај е задоволено. Меѓутоа, оценето е дека отворените докази во предметите на преостанатите четворица апликанти се недоволни за да се овозможи делотворно оспорување, било поради тоа што недостига некој клучен елемент (докази за поврзаност меѓу парите кои апликантите, наводно, ги собрале и тероризмот) или поради тоа што тие се општи и немаат материјално значење, така што SIAC, главно, морала да се потпре на затворениот материјал.
Заклучок: повреда во однос на четиримината апликанти, нема повреда во однос на петмина од апликантите и неприфатливо во однос на преостанатите двајца (едногласно).
Член 5 § 5 – Со оглед дека повредите на членовите 5 §§ 1 и 4 не можат да доведат до извршно барање надомест пред националните судови, чии овластувања се ограничени на издавање изјава за неусогласеност со Конвенцијата, направена е повреда и на таа одредба.
Заклучок: повреда во однос на сите освен на вториот и на четвртиот апликант (едногласно).
Член 3 – Европската конвенција апсолутно забранува тортура, нечовечко и понижувачко постапување и казнување дури и во најтешки околности, како што е борбата против тероризмот, како и без оглед на однесувањето на засегнатото лице.
Жалбата на вториот апликант е прогласена за недопуштена бидејќи тој бил задржан само неколку дена без претерани тешкотии. Што се однесува до преостанатите десетмина апликанти, нивното задржување во притвор не го достигна прагот на нечовечко и понижувачко постапување за кое може да се утврди повреда на член 3. Иако несигурноста и стравот од неограничено задржување во притвор кај нив сигурно предизвикале загриженост и вознемиреност, и веројатно влијаеле на менталното здравје на некои од нив, апликантите не биле оставени без никакви изгледи или надеж за ослободување. Тие успешно ја оспориле законитоста на планот за притвор според Законот од 2001 година пред SIAC и пред Горниот дом. Исто така, тие имале можност поединечно да ја оспорат одлуката за нивно сертифицирање и од SIAC е побарано, согласно законот, на секои шест месеци да го ревидира натамошното задржување во притвор. Според тоа, состојбата на апликантите не може да се спореди со доживотна затворска казна без можност за скратување на казната. Условите во кои тие биле држени во притвор не можат да се земат предвид бидејќи тие не се обиделе да ги исцрпат правните лекови кои им се достапни на сите затвореници според управното и граѓанското право.
Заклучок: нема повреда во однос на десетмина апликанти, неприфатливо во однос на преостанатиот апликант (едногласно).
Член 41 – Поединечно доделување сума која се движи меѓу 1.700 ЕУР и 3.900 ЕУР на секој од апликантите во однос на нематеријално обештетување. Овие суми се значително пониски во споредба со предмети за незаконско задржување во притвор во минатото, со оглед на фактот дека планот за задржување во притвор бил подготвен како одговор на јавна опасност и како bona fide обид да се усогласи потребата да се заштити јавноста од тероризмот со обврската апликантите да не се пратат назад во држави во кои се соочуваат со реален ризик од злоставување. Освен тоа, со оглед дека за сите апликанти кај кои Судот утврдил повреда на член 5 § 1 биле издадени контролни наредби по нивното ослободување во март 2005 година, не може да се претпостави дека тие немало да бидат подложени на одредени ограничувања на нивната слобода дури и да не се случила повредата.
На овој линк може да се најдат Case-Law Information Notes
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy