© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка за судската пракса на Судот, бр. 136
декември 2010
A. B. и C. v. Ireland - 25579/05
Пресуда 16.12.2010 [GC]
Член 8
Член 8-1
Почитување на приватниот живот
Рестрикции на извршувањето абортус во Ирска: повреда; нема повреда
Факти – Абортусот е забранет со ирскиот Кривичен закон со одредбите 58 и 59 од Законот за дела против личноста 1861. Референдумот одржан во 1983 резултираше со усвојување на Член 40.3.3 (Осми амандман) со којшто државата го признава правото на живот на неродените, и, водејќи сметка за еднаквото право на живот на мајката, гарантира почитување на мајката во националното право. Оваа одредба беше толкувана од страна на Врховниот суд во неговата пресуда - преседан во случајот X во 1992 во смисла дека абортусот во Ирска е законит доколку постои реален и значителен ризик по животот на мајката, што може да се одбегне само со прекин на нејзината бременост. Врховниот суд истакна во тоа име дека жали што законодавецот нема донесено закон со којшто би се регулирало ова уставно гарантирано право. Наредениот референдум во 1992 резултираше со Тринаесетиот и Четиринаесетиот амандман кон Уставот, коишто ја укинаа претходно постојната забрана на патување во странство заради абортус и дозволија во Ирска да се информира за законски достапните абортуси во странство.
Сите три апликантки биле жителки на Ирска во односните моменти, зачнале ненамерно и решиле да извршат абортус зашто сметале дека нивните лични околности не им дозволуваат да ги доносат своите бремености. Првата апликантка била невработена самохрана мајка. Нејзините четири малечки деца биле дадени на згрижување и таа се плашела дека имањето уште едно дете би ги загрозило нејзините шанси да си го поврати старателството по упорните напори да го надмине својот проблем со алкохолот. Втората апликантка не сакала да стане самохран родител. Иако таа добила и медицинска потврда дека кај неа постои ризик од ектопична бременост, тој ризик е отфрлен пред да го изврши абортусот. Третата апликантка, пациент од канцер, не можела да најде лекар кој би се согласил да ја пососветува дали животот би и’ бил загрозен доколку ја доноси бременоста до крај или како врз фетусот би можеле да се одразат контраиндицираните лекарски прегледи на кои таа била подложена пред да открие дека е бремена. Како резултат на ограничувањата во Ирска, сите три апликантки биле принудени да побараат абортус во приватна клиника во Англија, низ она што го опошуваат како непотребно скапа, сложена и травматична процедура. Првата апликантка била принудена да позајми пари од лихвар, додека третата апликантка, и покрај тоа што била во рана фаза на бременоста, морала да чека осум седмици за да може да и’ биде извршен хируршки абортус, зашто таа не можела да најде клиника подготвена да понуди медицински абортус (пометнување предизвикано од лекови) на нерезидент, заради потребата од натамошно следење. Сите три апликантки доживеале компликации по враќањето во Ирска, но се плашеле да побараат лекарски совет во татковината, поради рестрикциите околу абортусот.
Во своите апликации до Европскиот суд, првата и втората апликантка се жалеле дека немале право на абортус во Ирска, зашто ирскиот закон не дозволувал абортус од здравствени или причини поврзани со добросостојбата, туку само ако бил утврден ризик по животот на мајката. Третата апликантка се жалела дека, иако верувала дека бременоста и’ го загрозува животот, немало закон или процедура низ кој таа би можела да го утврди тоа и така да го одбегне ризикот од правно гонење доколку извршела абортус во Ирска.
Право – Член 8: Иако Член 8 не може да се толкува така да дозволи право на абортус, неможноста на првата и втората апликантка да добијат абортус во Ирска, поради здравствени или причини поврзани со добросостојбата, како и наведената неможност на третата апликантка да утврди дали е квалификувана за законит абортус во Ирска, спаѓаат во рамки на нивното право на почитување на нивниот приватен живот.
(a) Првата и втората апликантка – Имајќи го предвид поширокиот концепт на приватен живот во смисла на Член 8, вклучувајќи го правото на лична автономија и на физички и психолошки интегритет, забраната на прекин на бременостите, од причини поврзани со здравјето и добросостојбата, кај првата и на втората апликантка претставува попречување на нивното право на почитување на нивните приватни животи. Ова попречување било согласно законот и се стремело кон легитимната цел на заштита на длабоките морални вредности на мнозинството од ирскиот народ, што било отсликано во референдумот од 1983.
Имајќи ја предвид акутната чувствителност на покренатите морални и етички прашања, на ирската држава, во принцип, треба да и’ се даде широка маргина на дискреција при определувањето дали е постигната правична рамнотежа меѓу заштитата на правото на живот на неродените доделено согласно ирското право и конфликтните права на првата и на втората апликантка на почитување на нивните приватни животи. Иако постоел консензус меѓу значително мнозинство земји - потписнички дека абортусот треба да се дозволи на основа поширока од онаа дадена според ирското право, овој консензус не доведе до решавачко стеснување на широката маргина на дискреција на државата. Бидејќи не постоел европски консензус за научната и правна дефиниција за почетокот на животот и бидејќи правата барани во име на фетусот и оние на мајката се неразделно поврзани, маргината на дискреција дадена на државата, во поглед на тоа како таа ги штити неродените, неизбежно се претвора во маргина на проценка во однос на тоа како се балансираат конфликтните интереси на мајката.
Изборот произлезе од долгата, комплексна и чувствителна дебата во Ирска во однос на содржината на нејзиното законодавство за абортус Иако ирското право забранувало абортус во Ирска од причини поврзани со здравјето и добросостојбата, тоа им ја дозволувало на жените опцијата да бараат абортус надвор. Усвоени се законски мерки за да се обезбеди давање информаци и советување за расположливите опции, вклучувајќи ги и услугите за абортус во странство, како и за да се обезбеди неопходната медицинска него и пред и по абортусот. Важноста на улогата на лекарите во давањето информации и нивната обврска да ја обезбедат сета соодветна здравствена заштита, особено по абортусот, е нагласена во работата и документите на Агенцијата за превенција на кризи и во професионалните медицински упатства. Првите две апликантки не покажале дека немале релевантни информации или неопходна медицинска нега во врска со нивните абортуси.
Соодветно, имајќи го предвид правото законски да се патува во странство за абортус, со пристап кон соодветни информации и медицинска нега во Ирска, забраната во Ирска за абортус заради причини поврзани со здравјето и добросостојбата, а врз основа на длабоките морални гледишта на ирскиот народ, не ја пречекорила маргината на дискреција на државата. Нападнатата забрана, оттука, постигнала правичен баланс меѓу правото на првата и втората апликантка за почитување на нивните приватни животи и на правата побарани во име на неродените.
Заклучок: нема повреда во однос на првата и втората апликантка (единаесет наспрема шест гласа).
(b) Третата апликантка – Жалбата на третата апликантка се однесуваше на наводното пропуштање на тужената држава да воведе процедура со која таа можела да утврди дали е квалификувана за законит абортус во Ирска, врз основа на ризикот по нејзиниот живот. Таа имала ретка форма на канцер и, по откривањето дека е бремена, се плашела за својот живот зашто верувала дека нејзината бременост го зголемува ризикот дека ќе и’ се врати канцерот и да нема да биде лекувана во Ирска се’ додека е бремена. Судот сметал дека утврдувањето на секој релевантен ризик по нејзиниот живот, предизвикан од нејзината бременост, јасно ги засега фундаменталните вредности и суштествените аспекти на нејзиното право на почитување на нејзиниот приватен живот.
Имаше бројни причини за загриженост во врска со делотворноста на единствената вонсудска мерка за утврдување на ваквиот ризик – обичен процес на лекарски консултации – врз кој се потпираше Владата. Првиот бил основата врз која жената може да бара законит абортус во Ирска – стварен и значителен ризик по животот, што би можел да се одбегне само со прекин на бременоста – којашто е изразена широко. Во ирското право не се наведени критериуми, ниту процедури, кои уредуваат како се мери или определува овој ризик. Ниту пак постоела рамка за разрешување, на правно обврзувачки начин, на разликите во мислењата на жената и нејзиниот лекар или меѓу различни лекари. Наспроти ваквата основа на значителна несигурност, било евидентно дека кривичните одредби од Законот 1861 би претставувале значителен обесхрабрувачки фактор и за жената и за лекарите во процесот на медицински консултации, при што жените би ризикувале осудителна пресуда, а лекарите и осудителна пресуда и дисциплинска постапка.
Што се однесува до судските постапки предложени од Владата, уставната постапка за определување на тоа дали е третата апликантка квалификувана за законит абортус во Ирска не е делотворна мерка за заштита на нејзиното право на почитување на нејзиниот приватен живот. Уставните судови не се соодветен форум за првенствено определување, коешто треба да е главно засновано врз медицински докази, на тоа дали е жената квалификувана за абортус и било несоодветно да се бара од жените да преземаат такви комплексни уставни постапки кога нивното основно уставно право на абортус во случај на квалификуван ризик по животот не е спорно. Ниту пак било јасно како би се извршила наредбата со која од лекарите се бара да извршат абортус. Што се однесува до поднесокот на Владата, дека третата апликантка можела да поднесе апликација согласно Законот за Европската конвенција за човекови права од 2003, за декларација на некомпатибилност на релевантните одредби на Законот 1861 и за обештетување, ваквата декларација не и’ налагала на државата правна обврска да го измени и дополни домашното право и не може да претставува основа за задолжително доделување паричен надомест.
Од ова следи дека ниту лекарските консултации ниту опцијата за парница не се делотворна и достапна процедура што би и’ овозможила на третата апликантка да утврди дали има право на законит абортус во Ирска. Несигурноста создадена поради немањето законска имплементација на Член 40.3.3 од Уставот и недостигот на делотворни и достапни процедури за воспоставување на правото на абортус резултираше со впечатливо несовпаѓање меѓу теоретското право на законит абортус во Ирска и стварноста на неговата практична имплементација. Не е дадено уверливо објаснување за непримената на Член 40.3.3, и покрај препознавањето дека е потребна дополнителна правна јаснотија. Се’ на се’, властите не ја имаат исполнето својата позитивна обврска да обезбедат за третата апликантка делотворно почитување на нејзиниот приватен живот, заради тоа што не постоеле подзаконски акти или регулаторен режим што би пропишал достапна и делотворна процедура со која таа можела да утврди дали се квалификува за законит абортус во Ирска.
Заклучок: повреда во поглед на третата апликантка (едногласно).
Член 41: EUR 15,000 за третата апликантка во поглед на непарична штета.
На овој линк може да се најдат Case-Law Information Notes
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy