© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈ AKSU против ТУРЦИЈА
(Жалби бр. 4149/04 и 41029/04)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
15 март 2012
Оваа пресуда е конечна, но може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Aksu против Турција,
Европскиот суд за човекови права, заседавајќи како Голем судски совет, во состав:
Nicolas Bratza, Претседател,
Jean-Paul Costa,
Josep Casadevall,
Nina Vajić,
Dean Spielmann,
Karel Jungwiert,
Anatoly Kovler,
Elisabet Fura,
Alvina Gyulumyan,
Mark Villiger,
Päivi Hirvelä,
Luis López Guerra,
Mirjana Lazarova Trajkovska,
Nebojša Vučinić,
Işıl Karakaş,
Vincent A. de Gaetano,
Angelika Nußberger, судии,
и Michael O’Boyle, Заменик секретар,
Откако расправаше на затворени седници на 13 април 2011 и на 1 февруари 2012,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на второнаведениот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалбите (бр. 4149/04 и 41029/04) против Република Турција поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човкковите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на турски државјанин, г-н Mustafa Aksu („жалителот“), на 23 јнауари и 4 август 2004 соодветно.
2. Жалителот, на кого му беше доделена правна помош, беше застапуван од г-н S. Esmer, aдвокат од Анкара. Турската Влада („Владата“) беше застапувана од нјезиниот Агент.
3. Жалителот тврдеше дека три публикации – една книга и два речника – кои добиле финансиски средства од Владата содржеле забелешки и изрази кои изразувале антиромски чувства. Тој се повика на член 14 земен заедно со член 8 oд Конвенцијата.
4. Жалбите беа распределени на Вториот оддел на Судот (правило 52 § 1 oд Правилата на Судот). На 27 јули 2010 Судски совет од тој Оддел составен од следните судии: Françoise Tulkens, Ireneu Cabral Barreto, Danutė Jočienė, Dragoljub Popović, Nona Tsotsoria, Işıl Karakaş и Kristina Pardalos, како и од Stanley Naismith, Заменик секретар на Оддел, донесе пресуда со која одлучи да ги спои жалбите (правило 42 § 1) и одлучи со четири гласа против три дека немало повреда на член 14 од Конвенцијата земен во врска со член 8 од Конвенцијата.
5. На 22 ноември 2010 година, на барање на жалителот од 25 октомври 2010 година, панел на Големиот судски совет одлучи предметот да го достави на Големиот судски совет според член 43 од Конвенцијата.
6. Составот на Големиот судски совет беше определен согласно одредбите од член 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и правилото 24 од Правилата на Судот.
7. И жалителот и Владата доставија понатамошни писмени опсервации за основаноста (правило 59 § 1). Покрај тоа, беа доставени коментари на трета страна вмешувач од страна на организација Greek Helsinki Monitor, на кој Претседателот и одобри да интервенира во писмениот дел од постапката (член 36 § 2 oд Конвенцијата и правило 44 § 3).
8. Во зградата за човекови права, Стразбур, се одржа јавна расправа на 13 април 2011 година (правило 59 § 3).
Пред Судот пристапија:
(a) за Владата
г-нM. Özmen,Ко-Агент,
г-ѓаA. Emüler,
г-нM.Z. Uzun,
г-нN. Aksoy,
г-нO. Saydam,
г-нU. Aksungur, Застапници;
(б) за жалителите
г-нS. Esmer,Застапник.
Судот ги сослуша обраќањата на г-н Esmer и г-н Ozmen.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
9. Жалителот, кој е од ромско потекло, е роден во 1931 година а живее во Анкара.
A. Жалба бр. 4149/04
1. Книгата “Циганите на Турција (Türkiye Çingeneleri)“
10. Во 2000 година Министерството за култура објавило 3.000 примероци од книгата насловена како „Циганите на Турција“, напишана од вонредниот професор Ali Rafet Özkan. Пред нејзиното објавување, советодавниот одбор за публикации ја одобрил содржината на книгата. Во предговорот на книгата се наведува следното:
„...
Циганите денес живеат во мир на турска територија, како што живееле и низ историјата, но сега се препуштени целосно сами на себе, без регулатива, контрола или внимание. Нивниот нерегулиран начин на живеење, во кој целосно се препуштени на сопствената судбина, е пропуст од страна на Турција. Сегашниот несреден начин на живеење на Циганите, и фактот дека се смета за сосема непотребно да се навлезе во нивниот затворен свет на било кој начин и покрај долгогодишната заедничка историја, е уште еден пропуст. Со тоа е поврзан и фактот што иако Циганите навистина живееле многу години меѓу нас, тие биле изолирани од локалното население и биле цел на понижувачки забелешки кои, во најголем број на случаи, биле непросветлени и со предрасуди. Негативната реакција и вознемирувачките обвинувања на кои наидуваат каде и да одат ги натерале Циганите, кои веќе имаат социјална структура што е изолирана од надворешниот свет, да живеат во уште потесни граници.
Ние почувствувавме дека има потреба да зачекориме во непознатиот свет на овие луѓе кои со векови живеат помеѓу нас и сега станаа дел од современата турска култура. Така, мојата цел беше да ги запознаам поблиску применувајќи емпириски пристап, и Циганите на Турција да ги претставам онакви какви што се, во сите нивни аспекти, врз основа на принципите на научна објективност.
Оваа студија се состои од вовед и два дела.
Во воведот се дадени информации за Циганинот како концепт и потеклото на Циганите, како и детални информации за нивната миграција, а се разгледува нивната историја во Турција во светлина на различни архивски документи и научни извори. Во првиот дел, општествено-културните карактеристики на Циганите се третираат во широки рамки. Во овој дел се разгледува особено домашниот живот и патувањата на Циганите, нивната музика, танци, јазик, традиции и обичаи. Вториот дел се занимава со уверувањата и практиките на Циганите.
Оваа студија – што ја презентирам без било какви претензии, а претставува чисто обид да се пополни значителна празнина (со оглед дека е прва студија од ваков вид), и да се даде насока на другите кои се занимаваат со Циганите во иднина – беше подготвена со употреба на описни, компаративни и феноменолошки методи, покрај опсервација на учесниците и техники на разговор.
...“
11. Во воведот, авторот понатаму го навел следното:
„...
Циганите се раширија ширум светот но не можеа да избегаат од својот статус на маргинална група која е исклучена и презрена насекаде. Покрај разликите во нивниот начин на живеење, најочигледната карактеристика по која Циганите се разликуваат о другите е бојата на нивната кожа, која е потемна, поцрна. Во типолошка смисла, повеќето Цигани се со средна висина, витка градба, со големи темно-црни (понекогаш кафеави или сини) очи и долги густи трепки; мажите имаат долги мустаќи. Усните им се тенки и елегантни, забите им се бели и правилни, со заоблена вилица. Имаат ниско чело и слепоочници и мал череп. Косата им е кадрава, црна, долга и густа. По средната возраст жените се полни и корпулентни. Помладите луѓе се тенки, со цврсти и силни мускули (види Carmen од Prosper Mérimée, Gypsy Stories of our own and from around the world од Tahir Alangu и The sieve-making of the Gypsies of Posalar од Esat Uras).
...
Ова истражување има за цел да го претстави идентитетот на Циганите, луѓето кои живеат меѓу нас со векови и станаа составен дел од современата турска култура, но за кои досега не е спроведена сеопфатна научна студија бидејќи нивниот културен идентитет е во голема мера игнориран како резултат на потешкотиите тие да бидат идентификуваат и дефинираат. Оваа студија ќе даде приказ на нивните социо-културни карактеристики, убедувања, митологии, фестивали и прослави во сите нивни аспекти.
За целите на оваа студија, беше спроведена првично испитување за информации, документација и материјали во врска со Циганите, од Турција и од други места. Така идентификуваните информации и документи потоа беа класифицирани врз основа на нивната научна веродостојност, применувајќи критериуми на валидност. Потоа беше спроведена емпириска студија вклучувајќи опсервација на учесниците со двиежење меѓу циганското население и живеење со нив. Беа посетени сите области на Турција со циганско население – и номадско и населено – и на тој начин беше направен напор да се утврдат фактите за нивниот начин на живеење, традиции, уверувања, форми на богослужба и практики, не само со собирање на податоци и документарен и друг материјал, туку и со емпирискиот метод на живеење со нив.“
12. Во книгата, авторот посветил поглавје на „Циганите во современе Турција“. Во тоа поглавје тој навел дека:
“Денешните Цигани се распрскани низ цела Турција. Главно се лоцирани во подрачјето на Мармара, Егејот и Медитеранот, со помала концентрација во подрачјата на Црното Море, централна Анатолија и југоисточна Анатолија. Тука ќе се анализира распространетоста на Циганите во Турција.
...
Досега во ниту еден општ попис на населението не се вклучени посебни записи за Циганите; оттаму, не се знае со сигурност бројот на циганското население во Турција. Наместо да користиме приближни бројки, ние добивме информации од самите Цигани, од локалните луѓе кои живеат во близина и од локалната администрација. Се обидовме да ги појасниме овие информации со правење споредба со бројките за севкупното население во окрузите што ги добивме од старешините на маалото (muhtar).
...
Истанбул
...
Циганите коишто живеат во рамките на провинџиските граници на Истанбул генерално заработуваат за живот од музика, продавање на цвеќе, трговија со метални отпадоци, собирање на ѓубре и хартија, ковачки занает и изработување на предмети од железо, работење како носачи, претскажување иднина, чистење, работење со коњ и запрежна кола, изработка на предмети од бакар, собирање на полжави без лушпа и продавање одејќи од куќа во куќа. Има некои, иако малку на број, коишто заработуваат за живот како џепчии, со крадење и продажба на наркотици.
Текирдаг
...
Ромите (Циганите) од Текирдаг заработуваат за живот од свирење музика, работа како носачи и чистачи на чевли. Жените работат како домашни чистачки и работат со тули во фабриката за тули. Оние во Чорлу и Лулебургаз заработуваат за живот од музика, како носачи, трговци со коњи (трговија со живина), градежна работа и водење игри на среќа, а жените заработуваат од чистење.
Киркларели
...
Ромите од Киркларели генерално заработуваат за живот од музика, работејќи со коњ и запрежна кола, продавање на улици, како носачи, чистачи и од трговија со метални отпадоци.
Eдрене
...
Оние коишто живеат во центарот на градот Едрене генерално заработуваат за живот со работење со коњ и запрежна кола, трговија со метални отпадоци и продавање на улици, додека жените придонесуваат кон семејната економија работејќи како чистачки. Речиси сите жители на округот Јукан Заферије во Кешан заработуваат за живот од музика. Останатите работат во различни сектори како тешка физичка работа на оризовите полиња, истурање бетон на градежни локации, како носачи, работа со коњ и запрежна кола, собирање жаби и полжави, трговија со метални отпадоци,собирање хартија, молерисување на куќи и продавање симит (вид на ролна леб). Во Узункопру живеат од трговија со метални отпадоци, изработка на предмети од лим и изработка на кошници.
...
Анкара
...
Циганите од централниот дел на Анкара заработуваат за живот со крадење, просење, продавање од врата на врата, претскажување на иднината, zercilik (ограбување на продавници за накит) и изработка на магични амајлии. Помал дел работат како лимари, на изработка на узди од кожа, изработка на сита и на кошници. Има многумина коишто работат како музичари во ноќни клубови. Според иформациите повеќето од оние кои тргуваат со железарија околу Алтингад и Хамамону се Цигани од Чанкири.
...
Ние се обидовме да ја посетиме секоја провинција и округ каде што има Цигани. Бројките што ги утврдивме за секоја провинција беа добиени со споредување на информации, забележувајќи ги претераните бројки дадени од Циганите и потоа раговарајќи со старешините (muhtar) на окрузите, а таму каде што беше потребно и со полицијата во округот. ...“
Слични забелешки на тие цитирани погоре беа дадени во однос на ромското население во други делови на Турција како Измир, Маниса, Конја, Адана и Анталија.
13. Завршните параграфи од заклучокот на „Циганите на Турција“ гласат:
„Најзначајните врски што меѓусебно ги поврзуваат Циганите едни со други се нивните семејни и социјални структури како и нивните традиции. И покрај фактот дека тие водат номадски живот повеќе од илјада години, тие успеале да го заштитат својот традиционален начин на живеење благодарение на практиката на склучување на бракови во рамките на групата. Нивната приврзаност кон овие традиции почнува со раѓањето и продолжува до смртта. Несомнено, традицијата е најзначајниот фактор во начинот на живеење на Циганите. Постарите припадници на циганското општество ја носат најголемата одговорност за заштита и одржување на традициите. Меѓутоа, поради секогаш променливите околности и потреби, стана тешко зачувувањето на социјалната структура на Циганите. Особено “Natia”, една од овие социјални структури, не може повеќе да се одржи во денешна Турција.
Највпечатливата карактеристика на Циганите е нивниот начин на живот. Оттаму, сите гранки на социо-културна активност, што се состојат од мигрирање и населување, играње, музика, јазик, јадење и пиење, претскажување на иднина, маѓепсништво и занимања, ја сочинуваат вистинската природа на животот на Циганите. Тоа значи дека овие елементи го формираат видливиот дел од сантата мраз. Другите лица обично ги препознаваат Циганите преку овие појави. Сепак, начинот за вистинско запознавање на Циганите е мешање во нивното општество и целосно анализирање на нивните традиции и верувања. Тајниот свет на Циганите се открива преку нивните верувања, особено преку нивните суеверија и табуа.
Циганите, како и сите останати, чувствуваат потреба да веруваат и да се богопоклонуваат. Покрај прифаќањето на верата на земјата во која живеат, тие исто така ги негуваат и традиционалните верувања што се специфични за нивната култура. Како последица на тоа, се забележува дека Циганите имаат оригинални гозби и прослави кои произлегуваат од нивните верувања, што делумно може да имаат корен во хиндуизмот.
Според нашето мислење овие луѓе, кои трпат понижување и отфрлање насекаде, би можеле да се преобразат во граѓани кои се предност за нашата држава и нашиот народ кога ќе се преземе нешто околу нивните образовни, социјални, културни и медицински проблеми. Тоа едноставно подразбира концентрирање на ова прашање со трпение и одлучност.“
2. Домашна постапка поведена од жалителот
14. На 15 јуни 2001 жалителот поднел барање до Министерството за култура во име на турски здруженија на Ромите/Циганите. Во неговото барање тој истакнал дека во книгата, авторот кажал дека Циганите биле инволвирани во илегални активности, живееле како „крадци, џепчии, измамници, ограбувачи, лихвари, просјаци, трговци со дрога, и проститутки и сопственици на бордели“ и биле полигамни и агресивни. Жалителот исто така истакнал дека книгата содржела уште неколку други забелешки со кои се понижувале и обезвреднувале Циганите. Тврдејќи дека тие забелешки претставувале кривично дело, тој побарал продажбата на книгата да биде стопирана и сите примероци да бидат конфискувани.
15. Истиот ден раководителот на одделението за публикации на Министерството за култура наредил преостанатите 299 примероци од книгата да биде вратени до одделението за публикации.
16. На 11 октомври 2011 жалителот испратил допис до Министерството за култура со кој барал информации дали примероците на книгата биле одземени.
17. На 17 октомври 2001 раководителот на одделението за публикации на Министерството за култура го известиле жалителот дека советодавниот одбор за публикации на Министерството, составен од седум професори, одлучил дека книгата била предмет на научно истражување и не содржела никави навреди или слични забелешки. Жалителот бил исто така известен дека авторот на книгата не дозволувал никакви измени на текстот и дека, по барање на авторот, Министерството ги пренесло авторските права за книгата на авторот.
18. На 4 февруари 2002 жалителот испратил дописи до Министерството за култура и вонредниот професор Ali Rafet Özkan, повторувајќи го неговото првично барање. Тој не добил одговор.
19. Потоа, на 30 април 2002, жалителот повел постапка во негово лично име против Министерството за култура и авторот на книгата пред Граѓанскиот суд од општа надлежност во Анкара, барајќи надомест на нематеријална штета која тој ја претрпел поради забелешките во книгата. Тој тврдел дека тие забелешки претставувале напад на неговиот идентитет на Ром/Циганин и дека биле навредливи. Жалителот исто така побарал примероците од книгата да бидат конфискувани и нејзиното објавување и дистрибуција да бидат забранети.
20. Авторот на книгата изјавил, во својот одговор, дека материјалите на кој се повикал била евиденцијата на полициското седиште во Адана и книги напишани за Циганите од други автори, и дека немал намера да ги навреди или понижи Циганите. Авторот понатаму навел дека пасусите на кои се повикувал жалителот не би требало да се гледаат изолирано, туку во контекст на целата книга.
21. На 24 септември 2002 година Граѓанскиот суд во Анкара ги одбил барањата на жалителот во делот во кој се однесувале на авторот на книгата. Судот оценил дека книгата е резултат на академско истражување, дека била заснована на научни податоци и дека ги разгледувала социјалните структури на Ромите/Циганите во Турција. Од тие причини, првостепениот суд одлучил дека конкретните забелешки не го навредувале жаителот. Што се однесува на случајот на жалителот против Министерството, Граѓанскиот суд оценил дека нема надлежност и дека управните судови биле надлежни да одлучат по жалбата на жалителот.
22. На 25 октомври 2002 жалителот се жалел. Во неговата жалба, тој изјавил дека книгата не можело да се смета за научно истражување и дека затоа Министерството за култура не требало да ја објави.
23. На 21 април 2003 Касациониот суд ја потврдил пресудата на првостепениот суд. Воочил дека забелешките на кои се противел жалителот биле од генерален карактер. Затоа не нашол основа за да заклучи дека тие се однесувале на сите Роми/Цигани или дека тие претставувале напад врз идентитетот на жалителот.
24. На 8 декември 2003 барањето на жалителот за исправка на пресудата било одбиено.
25. Потоа, на неутврден датум, жалителот започнал постапка против Министерството за култура пред Управниот суд во Анкара. Тој побарал надомест на нематеријална штета, тврдејќи дека содржината на книгата објавена од Министерството за култура била навредлива кон ромската/циганската заедница. На 7 април 2004 Управниот суд го одбил барањето на жалителот. Одлучил дека пред објавувањето, книгата за која станува збор била разгледана од известител именуван од советодавниот одбор за публикации. После неговото одобрение, советодавниот одбор се согласил да ја објави книгата. После наводите на жалителот, советодавниот одбор, составен од седум професори, ја разгледал книгата повторно на 25 септември 2001 и одлучил дека таа била академска студија заснована на научно истражување и дека никакви непогодности не биле предизвикани со продолжувањето на нејзината дистрибуција и продажба. Ушравниот суд затоа заклучил дека наводите на жалителот не биле поткрепени со докази. Жалителот не се жалел против одлуката.
Б. Жалба бр. 41029/04
26. Во 1991 и 1998 година соодветно, Јазичното здружение, невладина организација, објавило два речника насловени како „Турски речник за ученици (Oğrenciler için Türkçe Sözlük)” и „Турски речник (Türkçe Sözlük)”. Покрај нивните наслови, и двата речници ја имале потполно истата содржина. Објавувањето на овие речници било делумно финансирано од Министерството за култура.
27. На 30 април 2002 година, жалителот доставил допис до Извршниот одбор на Јазичното здружение во име на Конфедерацијата на ромските/циганските културни здруженија. Во неговиот допис, жалителот навел дека одредени делови во речниците биле навредливи и дискриминирачки кон Ромите/Циганите.
28. На страница 279 од двата речника, наведено е следното во однос на зборот „Циганин” (çingene):
„Циганин“ (çingene): 1. Етничка група или лице кое припаѓа на етничка група која потекнува од Индија, чии членови водат номадски живот и се широко распространети во светот. 2. (преносно значење) мизерно.
„Цигански долг“ (Çingene borcu): неважен долг кој се состои од неколку помали долгови.
„Циганин игра курдски танци“(Çingene çalar Kürt oynar): место на кое има многу метеж и бучава.
„Цигански шатор“ (Çingene çergesi) (преносно значење): нечисто и сиромашно место.
„Циганска свадба“ (Çingene düğünü): состанок на кој има гужва и бучава.
„Циганска расправија“ (Çingene kavgası): вербална расправија во која се користат вулгарни зборови.
„Цигански пари“ (Çingene parası): монети.
„Циганска розова“ (Çingene pembesi): pозово.
„Цигански јазик“ (çingenece):јазик кој го користат Циганите.
„Циганство“ (çingenelik): 1. Да се биде Циганин 2. (преносно) да се биде мизерен или алчен.
„Да се стане Циганин“ (Çingeneleşmek): да се има мизерно однесување.
29. Според жалителот, овие записи во врска со циганската заедница имале негативни, дискриминирачки конотации и конотации на предрасуди. Жалителот исто така изјавил дека Министерството за образование и Друштвото за турски јазик ги измениле речниците по негово барање, и исто така побарал од Јазичното здружение да ги поправи наведените дефиниции и да отстрани секакви дискриминирачки изрази од речниците. Тој не добил одговор на неговиот допис.
30. Потоа, на 15 јули 2002 година, жалителот доставил дополнителен допис до Јазичното здружение, во кој го повторил своето барање. Тој додал дека ќе поведе постапка против Здружението ако неговото барање не биде прифатено до 20 август 2002 година.
31. На 16 април 2003 жалителот повел постапка пред Граѓанскиот суд со општа надлежност во Анкара против Јазичното здружение, барајќи погоренаведените дефиниции и изрази да бидат отстранети од речниците. Жалителот побарал и надомест на нематеријална штета, поради изразите содржани во речниците. Во врска со тоа тој навел дека дефиниците во речниците претствувале напад врз неговиот идентитет како Ром/Циганин и навреда кон него лично.
32. Во својот одговор, Јазичното здружение тврдело, помеѓу другото, дека дефинициите и изразите во речниците биле засновани на историска и социолошка реалност и дека немало никаква намера да се понижи или обезвредни етничка група. Тоа понатаму било на став дека речниците содржеле изрази и дефиниции што се во вообичаена употреба во општеството и дека имало други слични изрази во турскиот јазик што се однесувале на Албанците, Евреите и Турците.
33. На 16 јули 2003 година Граѓанскиот суд во Анкара го одбил барањето на жалителот. Тој заклучил дека дефинициите и изразите во речниците биле засновани на историска и социолошка реалност и дека не постоела намера да се понижи или обезвредни етничка група. Судот понатаму воочил дека имало слични изрази во турскиот јазик што се однесуваат на други етнички групи, а се јавувале во речници и енциклопедии.
34. Жалителот изјавил жалба. На 15 март 2004 Касациониот суд ја потврдил пресудата од 16 јули 2003.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
A. Граѓански законик
35. Член 24 од Граѓанскиот законик гласи:
„Секое лице чиишто лични права се противзаконски повредени може да поведе постапка пред судија за заштита од сите оние кои ја предизвикуваат повредата.
Повредата е противзаконита, освен ако не е оправдана со согласноста на лицето чиишто права се повредени или е неопходна заради поважен приватен или јавен интерес или е неопходна врз основа на закон. “
Понатаму, според член 25 од Граѓанскиот законик:
“Тужителот може да побара од судија да спречи закана од повреда, да наложи запирање на тековна повреда или да ја утврди незаконитоста на таквата повреда дури и во случаи кога истата веќе престанала.
Покрај таквата тужба тужителот може да побара исправката или пресудата да биде објавена или да биде доставена до трети страни.
...“
Б. Кривичен законик
36. Член 312 § 2 oд стариот Кривичен законик предвидувал:
„...
Секое лице кое поттикнува други на омраза или непријателство врз основа на разлика помеѓу социјалните класи, раса, вероисповест, група или регион, ќе се осуди на казна затвор од една до три години и на парична казна во износ од девет илјади до триесет и шест илјади лири. Ако поттикнувањето ја загрози јавната сигурност, казната се зголемува од една третина до една половина.“
37. На 1 јуни 2005 стапи во сила нов Кривичен законик (Закон бр.5237). Во член 216 од новиот Законик се предвидува:
„1. Секое лице кое јавно предизвикува омраза или непријателство кај еден дел од народот против друг дел од народот со поинакви карактеристики засновани на социјална класа, раса, вероисповест, секта или регионални разлики, за да создаде јасна и непосредна опасност по јавната сигурност, ќе се казни со казна затвор од една до три години.
2. Секое лице кое јавно ќе омаловажи дел од народот по основа на социјална класа, раса, вероисповест, секта, пол или регионални разлики ќе се осуди на казна затвор од шест месеци до една година.
...“
III. ДОКУМЕНТИ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ПРОТИВ РАСИЗАМ И НЕТОЛЕРАНЦИЈА (ECRI)
38. Во својот четврти извештај за Турција (CRI(2011)5), објавен на 8 февруари 2011, ECRI го поздравила фактот дека за да се обесхрабрат негативни стереотипи, биле остранети конотации кои може да се сфатат како дискриминирачки во дефиницијата во речник на поимот „Циганин“. Понатаму ги охрабрила турските органи да продолжат и да ги зајакнат нивните напори за справување со негативните стереотипи за Ромите и за создадат конструктивен дијалог со ромската заедница.
39. Во својата Препорака за општа политика бр. 10 за борба со расизмот и расната дискриминација во и преку училишното образование, усвоена на 15 декември 2006, ECRI исто така препорача и државите-членки да осигураат училишното образование да игра клучна улога во борбата против расизмот и расната дискриминација во општеството со промовирање на критичко размислување меѓу учениците и овозможувајќи им ги неопходните вештини за да станат свесни за и да реагираат на стереотипите или нетолерантните елементи содржани во материјалите кои ги користат.
ПРАВО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
40. Жалителот тврдеше дека книгата „Циганите на Турција“ и речниците споменати во параграфите 26-28 погоре содржеле изрази и дефиниции кои го навредувале неговиот ромски/цигански идентитет.
41. Владата го оспори тоа тврдење.
A. За тоа дали жалбите треба да бидат разгледани според член 8 или член 14 земен во врска со член 8 од Конвенцијата
42. Големиот судки совет забележува дека Судскиот совет ги разгледал жалбените наводи на жалителот по член 14 земен во врска со член 8 од Конвенцијата. Тие одредби гласат:
член 8
„1. Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.“
член 14
„Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.“
43. Големиот судски совет повторува дека Судот е тој што одлучува за карактеризицијата која треба да се даде во домашниот закон на фактите на случајот и не е обврзан со карактеризацијата дадена од жалителот или Владата (види Scoppola v. Italy (no. 2) [GC], no. 10249/03, § 54, 17 September 2009). Дискриминација во смисла на член 14 од Конвенцијата значи различно постапување, без објективно и разумно оправдание, со лица во релевантно слични ситуации. Нема да има објективно и разумно оправдание ако разликата во постапувањето не служи за остварување на „легитимна цел“ или ако нема разумен однос на сразмерност помеѓу употребените средства и целта која треба да се постигне (види, помеѓу многу други претходни пресуди, D.H. and Others v. the Czech Republic [GC], no. 57325/00, § 175, ECHR 2007‑IV, и Burden v. the United Kingdom [GC], no. 13378/05, § 60, ECHR 2008‑...).
44. Судот забележува дека дискриминција врз основа на, помеѓу другото, етничкото потекло на лицето е облик на расна дискриминација. Расната дискриминација е особено сериозен вид на дискриминација и, со оглед на опасните последици од неа, бара од државните органи посебна внимателност и силна реакција. Од таа причина органите мора да ги употребат сите достапни средства за борба со расизмот, на тој начин зајакнувајќи ја демократската визија за опшество во кое на различноста не се гледа како на закана туку како на извор на збогатување (види Nachova and Others v. Bulgaria [GC], nos. 43577/98 and 43579/98, § 145, ECHR 2005‑VII, и Timishev v. Russia, nos. 55762/00 and 55974/00, § 56, ECHR 2005‑XII). Судот понатаму воочува дека како последица на нивната турбулентна историја и постојано исселување Ромите станаа посебен тип на обесправено и ранливо малцинство. Како што Судот има воочено во претходни случаи, затоа ним им е потребна посебна заштита (види D.H. and Others, цитиран погоре, параграф 182).
45. Судот забележува дека во овој случај жалителот, кој е од ромско потекло, тврдел дека една книга и два речника кои добиле финансиски средства од Владата содржеле забелешки и изрази кои одразувале антиромски чувства. Тој сметал дека тие изјави претставувале напад врз неговиот ромски идентитет. Сепак, Судот забележува дека случајот не се однесува на разлика во постапувањето, и посебно на етничка дискриминација, затоа што жалителот не доставил prima facie докази дека оспорените публикации имале намера за дискриминација или такви последици. Случајот затоа не може да се спореди со други жалби претходно поднесени од припадници на ромската заедница (види, во однос на образование, D.H. and Others, цитиран погоре, параграфи 175-210; за домување, Chapman v. the United Kingdom [GC], no. 27238/95, § 73, ECHR 2001‑I; и, за избори, Sejdić and Finci v. Bosnia and Herzegovina [GC], nos. 27996/06 and 34836/06, § 45, 22 December 2009). Затоа, главното прашање во овој случај е дали оспорените публикации, кои наводно содржеле расни навреди, претставуваат мешање во правото на жалителот на почитување на неговиот приватен живот и, ако е тоа така, дали тоа мешање било спојливо со тоа право. Судот затоа ќе ја разгледа оваа жалба само според член 8 од Конвенцијата.
Б. Претходен приговор на Владата
1. Аргументи на странките
(a) Владата
46. Владата го оспори статусот на жртва на жалителот во двете жалби, тврдекќи дека тие биле actio popularis жалби. Според Владата жалителот не покажал дека тој бил директно засегнат од спорните забелешки и изрази.
(б) Жалителот
47. Жалителот тврдеше дека заради неговото ромско/циганско потекло, навредливите забелешки и изрази содржани во книгата и речниците му нанесле материјална и нематеријална штета. Затоа тој сметал дека има статус на жртва согласно член 34 од Конвенцијата.
(в) Tрета страна
48. Организацијата Greek Helsinki Monitor изјави дека секој припадник на етничка група која е наводно цел на генерално дискриминирачки изрази засновани на раса имал статус на жртва, затоа што таквите изрази креирале предрасуди против секој припадник на таа група. Таа понатаму изјави дека заштитата на Судот не треба да биде ништо помала од онаа која е обезбедена според домашниот систем: кога статусот на жртва бил признат на домашно ниво, тој не треба да биде одбиен од Судот.
2. Пресуда на Судскиот совет
49. Судскиот совет забележа дека иако жалителот не бил лично и директно нападнат ниту во книгата ниту во речниците за кои станува збор, тој можеле да поведе постапка за надомест на штета и да го презентира меритумот на своите тврдења во домашните судови согласно домашните закони, имено член 24 и 25 од Граѓанскиот законик. Како последица на тоа, Судскиот совет сметал дека жалителот имал статус на жртва согласно член 34 од Конвенцијата.
3. Оцена на Судот
50. Судот повторува дека за може да поднесе жалба согласно член 34 од Конвенцијата, едно лице, невладина организација или група на лица мора да можат да тврдат дека се жртва на повреда на правата предвидени со Конвенцијата. За да тврди дека е жртва на таква повреда, едно лице мора да биде директно засегнато со спорната мерка: Конвенцијата, затоа, не предвидува поднесување на actio popularis за толкување на правата предвидени со неа ниту дозволува поединци да се жалат на одредба на домашниот закон само затоа што сметаат, без да бидат директно засегнати од неа, дека таа може да е спротивна на Конвенцијата (види Burden, цитиран погоре, параграф 33, и Tănase v. Moldova [GC], no. 7/08, § 104, ECHR 2010‑...).
51. Како последица на тоа, постоењето на жртва која била лично засегната од наводна повреда на право од Конвенцијата е нужно за да се активира заштитниот механизам на Конвенцијата, иако овој критериум не треба да се применува на ригиден и нефликсибилен начин (види Bitenc v. Slovenia (dec.), no. 32963/02, 18 March 2008). Прашањето дали жалителот може да тврди дека е жртва на наводна повреда на Конвенцијата е релевантно во сите фази од постапката согласно Конвенцијата (види Burdov v. Russia, no. 59498/00, § 30, ECHR 2002‑III).
52. Судот повторува дека тој го интерпретира концептот на „жртва“ самостојно и независно од домашните концепти как концептите што се однесуваат на интерес или способност за дејствување (види T Sanles Sanles v. Spain (dec.), no. 48335/99, ECHR 2000‑XI), иако Судот треба да го земе предвид фактот што жалителот бил странка во домашната постапка (види Micallef v. Malta [GC], no. 17056/06, § 48, ECHR 2009‑...).
53. Судот забележува дека во овој случај жалителот, кој е со ромско потекло, вложил жалба против забелешки и изрази што наводно ја засрамувале ромската заедница. Точно е дека жалителот лично не бил цел; меѓутоа,тој можел да се чувствува навреден од забелешките што се однесуваат на етничката група на која ѝ припаѓа. Понатаму, немало спор во домашната постапка во поглед на странечката способност на жалителот пред судот. Оттаму, основаноста на неговиот случај била разгледана на два степена на надлежност.
54. Со оглед на претходно наведеното и имајќи ја предвид потребата од флексибилна примена на критериумите што го уредуваат статусот на жртва, Судот прифаќа дека жалителот, иако не бил непосредно цел на спорните пасуси, може да се смета за жртва на обжалените факти во смисла на член 34 од Конвенцијата. Од тие причини, Судот го одбива претходниот приговор на Владата дека жалителот нема статус на жртва.
В. Основаност на случајот
1. Жалба бр. 4149/04
(a) Аргументи на странките
(i) Жалителот
55. Жалителот тврдеше дека определени пасуси во книгата „Циганите на Турција“ содржеле забелешки и изрази кои ја понижувале ромската заедница. Особено, тој се повика на поглавјето во книгата во кое имало информации за начинот на живот на Ромите кои живеат во определени градови во Турција, и особено нивната наводна инволвираност во илегални активности (види 12 параграф погоре). Според жалителот, оштата намера на авторот не била важна, затоа што тие пасуси сами по себе претставувале јасна навреда на ромската заедница. Тој исто така изрази незадоволство за одлуките на домашните судови со кои се одбива неговото барање за надомест на штета.
(ii) Владата
56. Владата изјави дека книгата била објавена од Министерството за култура по препорака на советодавниот одбор за публикации. Според извештајот на советодавниот одбор, конкретната книга била компаративно академско истражување подтовено како придонес кон етничките студии во Турција. Во неа биле дадени информации за потеклото на ромската заедница, нејзиниот јазик, традиции, верувања, фестивали, кујна, облека, музика и услови на живеење. Владата истакна дека, по приговорот на жалителот, книгата била испитана повторно од поголем број на универзитетски професори, кои оцениле дека во неа не се содржани навредливи искази. На крај, Владата изјави дека Министерството за култура работело напорно на промовирање на ромската култура и традиции.
(б) Пресуда на Судскиот совет
57. Судскиот совет заклучил дека иако пасусите и забелешките на кои се повикува жалителот, земени сами за себе, се чинеле како дискриминирачки и навредливи, кога книгата била испитана како целина не било возможно да се заклучи дека авторот дејствувал во лоша вера или дека имал било каква намера да ја навреди ромската заедница. Судскиот совет особено го зел предвид заклучокот на книгата, во кој авторот појаснил дека „Циганите на Турција“ била академско истражување со кое се спровела споредбена анализа и било фокусирано на историјата и социо-економските услови на ромскиот народ во Турција. Судскиот совет заклучил дека авторот се повикувал на претставувањето на Ромите кое било со предрасуди со цел да ја покаже перцепцијата на ромската заедница од страна на јавноста. Како последица на тоа Судскиот совет заклучил дека немало повреда на правата на жалителот заштитени со Конвенцијата.
(в) Оцена на Судот
(i) Применливост на член 8 од Конвенцијата
58. Судот повторува дека поимот „приватен живот“ во рамките на значењето на член 8 од Конвенцијата е широк термин што не подлежи на исцрпна дефиниција. Поимот за лична автономија е значаен принцип што е основа за интерпретацијата на гаранциите предвидени со член 8. Од тие причини, тој може да опфати мноштво апсекти на физичкиот и социјалниот идентитет на лицето. Судот понатаму повторува дека во минатото има прифатено дека етничкиот идентитет на поединецот мора да се смета за уште еден таков елемент (види S. and Marper v. the United Kingdom [GC], nos. 30562/04 and 30566/04, § 66, 4 December 2008, and Ciubotaru v. Moldova, no. 27138/04, § 49, 27 April 2010). Особено, било какви негативни стереоптипи за група, кога ќе достигнат одредено ниво, може да влијаат на чувството на идентитет на групата и чувствата за самовредност и самодоверба на припадниците на групата. Токму во оваа смисла може да се гледа дека тоа влијае врз приватниот живот на припадниците на групата.
59. Понатаму, иако суштинската цел на член 8 е заштита на поединецот од арбитрерно мешање на јавните органи, тоа не значи само принудување на државата да се воздржи од такво мешање: покрај ова негативно тежнеење може да има позитивни обврски инхерентни на ефикасното почитување на приватниот живот. Овие обврски може да вклучуваат донесување на мерки наменети да обезбедат почитување на приватниот живот дури и во сферата на односите помеѓу самите поединци (види Tavlı v. Turkey, no. 11449/02, § 28, 9 November 2006, и Ciubotaru, цитиран погоре, § 50).
60. Свртувајќи се кон околностите на овој случај, Судот воочува дека жалителот, кој е од ромско потекло, се почувствувал навреден од определени пасуси во книгата „Циганите на Турција“, кои се однесувале на ромската заедница. Тој затоа започнал граѓанска постапа против авторот на книгата и Министерството за култура (види параграфи 19-25 погоре). Како последица на тоа, она за што се одлучува во овој случај е публикација која наводно го засега идентитетот на групата на која жалителот припаѓал, и на тој начин и неговиот приватен живот. Судот понатаму воочува дека иако „Циганите на Турција“ била објавена од Министерството за култура (види параграф 10 погоре), кое потоа му ги вратило авторските права на авторот на книгата (види параграф 17 погоре). Понатаму, жалителот не се жалел против одлуката на Управниот суд во Анкара со која била одбиена неговата жалба против Министерството за култура (види параграф 25 погоре). Тој затоа не го продолжил својот случај против државните органи за нивната инволвираност во конкретната публикација.
61. Во овие околности, Судот е на мислење дека главното прашање што е покренато во оваа жалба не е тоа дали има директно мешање од домашните органи во приватниот живот на жалителот, туку дали тужената Влада ја испочитувала својата позитивна обврска согласно член 8 да го заштити приватниот живот на жалителот од наводно мешање од трета страна, имено авторот на книгата. Со други зборови, Судот ќе се обиде да утврди дали, од аспект на член 8 од Конвенцијата, турските судови требало да ја усвојат граѓанската тужба на жалителот доделувајќи му надомест на нематеријална штета и забранувајќи ја дистрибуцијата на книгата.
(ii) Почитување на член 8 од Конвенцијата
(α) Општи принципи
62. Границата помеѓу позитивните и негативните обврски на државата според член 8 не може прецизно да се дефинира. Сепак, применливите принципи се слични. Во двата контекста, мора да се има предвид дека мора да се постигне правичната рамнотежа помеѓу спротвставените интереси на поединецот и на заедницата како целина; а во двата контекста државата има право на определено поле на слободна оцена (види, помеѓу многу други претходни пресуди, Keegan v. Ireland, 26 May 1994, § 49, Series A no. 290; Botta v. Italy, 24 February 1998, § 33, Reports of Judgments and Decisions 1998‑I; и Gurgenidze v. Georgia, no. 71678/01, § 38, 17 October 2006).
63. Во случаи како овој во кој жалителот се жали на повреда на правата заштитени според член 8 како резултат на остварувањето на правото на слобода на изразување од страна на други лица, треба да се обрати должно внинмание, при примена на член 8, на условите од член 10 од Конвенцијата (види, на пример и mutatis mutandis, Von Hannover v. Germany, no. 59320/00, § 58, ECHR 2004‑VI). Така, во такви случаи Судот ќе мора да го го урамнотежни правото на жалителот на „почитување на неговиот приватен живот“ со јавниот интерес да се заштити слободата на изразување, имајќи предвид дека нема хиерархиски однос помеѓу двете права гарантирани со двата члена (види Timciuc v. Romania (dec.) no. 28999/03, § 144, 12 October 2010).
64. Во овој контекст Судот повторува дека слободата на изразување претставува еден од суштинските темели на демократското општество. Со исклучоците предвидени во вториот став на член 10, тој се применува не само за „информации“ или “идеи“ кои се прифатени благонаклоно или се сметаат за ненавредливи или оставаат на чувство на рамнодушност, туку исто така и на оние кои навредуваат, шокираат или вознемируваат. Такви се барањата на плурализам, толеранција и широкоумност, без кои нема демократско општество (види, помеѓу многу други претходни одлуки, Handyside v. the United Kingdom, 7 December 1976, § 49, Series A no. 24, и Reinboth and Others v. Finland, no. 30865/08, § 74, 25 January 2011). Оваа слобода е подложна на исклучоците предвидени во вториот став на член 10 кои мора, сепак, да не се толкуваат широко. Потребата за било какви ограничувања затоа мора да биде убедливо докажана (види, на пример, Lingens v. Austria, 8 July 1986, § 41, Series A no. 103, и Nilsen and Johnsen v. Norway [GC], no. 23118/93, § 43, ECHR 1999‑VIII).
65. Според член 10 од Конвенцијата, државите договорнички имаат извесно поле на слободна оцена при проценувањето дали мешањето во правото на слобода на изразување било „неопходно во демократско општество“. Меѓутоа, оваа слободна оцена оди заедно со европскиот надзор, кој ги опфаќа и законодавството и одлуките со кои тоа законодавство се применува, дури и оние донесени од независен суд (види Tammer v. Estonia, no. 41205/98, § 60, ECHR 2001‑I; Peck v. the United Kingdom, no. 44647/98, § 77, ECHR 2003‑I; и Karhuvaara and Iltalehti v. Finland, no. 53678/00, § 38, ECHR 2004‑X). Задачата на Судот при вршењето на надзор не е да ги замени домашните органи, туку да ги провери, со оглед на случајот како целина, одлуките кои тие ги донесле согласно нивното поле на слободна оцена (види Petrenco v. Moldova, no. 20928/05, § 54, 30 March 2010; Polanco Torres and Movilla Polanco v. Spain, no. 34147/06, § 41, 21 September 2010; и Petrov v. Bulgaria (dec.), no. 27103/04, 2 November 2010).
66. Во слични случаи затоа Судот му дал голема важност на фактот што домашните органи утврдиле постење на спротивставени права и потребата да се осигура правична рамнотежа помеѓу нив (види, на пример и mutatis mutandis, Tammer, цитирано погоре, § 69; White v. Sweden, no. 42435/02, § 27, 19 September 2006; Standard Verlags GmbH v. Austria (no. 2), no. 21277/05 § 52, 4 June 2009; Lappalainen v. Finland (dec.), no. 22175/06, 20 January 2009; и Papaianopol v. Romania, no. 17590/02, § 30, 16 March 2010).
67. Ако воспоставената правична рамнотежа од страна на националните судски органи не е задоволителна, особено ако значењето или опсегот на едно од основните права за кои станува збор не е доволно земено во обзир, слободната дискреција дадена на одлуките на националните судови ќе биде тесна. Меѓутоа, ако е направена проценка во светлина на принципите што произлегуваат од неговата воспоставена судска пракса, Судот би барал силни причини за да го замени својот став со ставот на домашните судови, кои последователно ќе има поширок простор за дискрециона олдука (види MGN Limited v. the United Kingdom, no. 39401/04, §§ 150 and 155, 18 January 2011, и Von Hannover v. Germany (no 2) [GC], nos. 40660/08 and 60641/08, § 107, 7 February 2012).
68. Сето тоа препоставува дека постоел ефикасен правен систем и дека тој систем работел за заштита ан правата кои влегуваат во поимот „приватен живот“, и дека му бил достапен на жалителот (види Karakó v. Hungary, no. 39311/05, § 19, 28 April 2009). Tоа мора да биде испитано од Судот.
(β) Примена на овие принципи на случајот кој е предмет на одлучување
69. Во овој случај домашните судови биле повикани да воспостават правична рамнотежа помеѓу правата на жалителот според член 8 од Конвенцијата како припадник на ромската заедница и слободата на авторот на книгата за која станува збор за спроведува академско/научно истражување за спефицична етничка група и да ги објави своите наоди. Жалителот тврдеше дека книгата, особено поглавјето во кое се дадени информации за условите за живот на Ромите во различни градови во Турција, претставувале навреда кон ромската заедница. При одбивањето на неговото барање во два степена на надлежност турските судови се повикале, помеѓу другото, на извештај подготвен од седум универзитетски професори во кој било заклучено дека спорната книга била академска анализа заснована на научно истражување (види параграф 25 погоре). Тие сметале дека забелешките и изразите не биле навредливи, биле од општ карактер, не се однесувале на сите Роми и не претставувале напад над идентитетот на жалителот (види параграфи 21 и 23 погоре). Понатаму, Граѓанскиот суд од општа надлежност во Анкара заклучил дека книгата ја проучувала социјалната структура на турската ромска/циганска заедница и била заснована на научни податоци (види параграф 21 погоре).
70. Според мислењето на Судот, овие заклучоци не може да се сметаат за неразумни или засновани на погрешно претставување на релевантните факти. Во врска со тоа важно е да се воочи дека иако авторот посочил на одредени недозволени активности на некои припадници на ромската заедница коишто живеат во конкретни области, никаде во книгата не се дадени негативни забелешки за ромското население генерално или тврдења дека сите припадници на ромската заедница се вмешани во недозволени активности. Понатаму, во различни делови од книгата, имено во предговорот, воведот и заклучокот, авторот нагласува со јасни зборови дека неговата намера е да го расветли непознатиот свет на ромската заедница во Турција, која била отфрлена и цел на понижувачки забелешки засновани главно на предрасуди (види параграфи 10, 11 и 13 погоре). Со оглед на погоренаведеното, а во отсуство на било какви докази што го оправдуваат заклучокот дека изказите на авторот биле неискрени, не било неразумно домашните судови да оценат дека тој вложил напори во своето дело и дека не бил раководен од расистички намери (види mutatis mutandis, Jersild v. Denmark, 23 September 1994, § 36, Series A no. 298).
71. Дотолку повеќе, и покрај донекаде лаконскиот начин на кој некои од нив се изразени, причините изнесени од домашните судови како поткрепа на нивните заклучоци се во согласност со принципите предвидени во судската пракса на Судот. Особено, турските судови придале значење на фактот дека книгата била напишана од академик и од тие причини требало да се смета за академско дело. Во поновите пресуди, Судот исто така го нагласи значењето на таквите дела (види Sorguç v. Turkey, no. 17089/03, §§ 21-35, ECHR 2009‑... (extracts), and Sapan v. Turkey, no. 44102/04, § 34, 8 June 2010). Затоа подложување на внимателна оцена на било какви ограничувања на слободата на академските научници да вршат истражувања и да ги објавуваат нивните заклучоци е во согласност со судската пракса на Судот.
72. Исто така, разгледувањето на спорните пасуси не издвоено туку во контекст на книгата како целина и земањето предвид на методот на истражување применет од авторот на публикацијата е во согласност со пристапот на Судот. Во врска со тоа, Судот забележува дека авторот објаснил дека собраните информации ги добил од припадници на ромската заедница, локалните власти и полицијата. Тој исто така навел дека живеел во ромската заедница за да го набљудува нивниот начин на живот според принципите на научна опсервација (види параграф 11 погоре).
73. Покрај тоа, треба да се воочи дека во овој случај функционирал ефикасен правен систем за заштита на правата што потпаѓаат под поимот „приватен живот“ и му бил достапен на жалителот (види параграф 68 погоре). Жалителот можел да поведе постапка пред два степена на надлежност и добил образложени одлуки за неговото барање. Понатаму, кога поднел жалба до Министерството за култура, како превентивна мерка Министерството наредило повлекување на преостанатите 299 примероци од книгата, а авторските права му биле вратени на авторот по негово барање (види параграфи 15 и 17 погоре).
74. Со оглед на наведеното, Судот е убеден дека при урамнотежувањето на спротивставени фундаментални права според член 8 и член 10 од Конвенцијара, турските судови направиле оцена заснована на принципите кои произлегуваат од воспоставената судска пракса на Судот.
75. Судот сепак би повторил уште еднаш дека ранливата положба на Ромите/Циганите значи дека посебно вниманите треба да им се даде на нивните потреби и различен начин на живот, и во релевантната правна рамка и при донесувањето на одлуки во конкретни случаи (види Chapman, цитиран погоре, § 96, и D.H. and Others, цитиран погоре, § 181). Судот се согласува со заклучоците на ECRI (види параграф 38 погоре) дека Владата треба да продолжи со своите напори за справување со негативните стереотипи за Ромите.
76. Следува од согледувањата наведени погоре дека во овој случај турските органи не го пречекориле полето на слободна оцена и не ја занемариле својата позитивна обврска да му обезбедат на жалителот ефикасно почитување на неговиот приватен живот.
77. Co оглед на тоа, немало повреда на член 8 во однос на жалбата бр. 4149/04.
2. Жалба бр. 41029/04
(a) Аргументи на странките
(i) Жалителот
78. Жалителот тврдеше дека изразите содржани во двата спорни речника испечатени од турското Јазично здружение ја навредувале ромската/циганската заедница. Тој особено се повика на терминот „да се стане Циганин“ кој е дефиниран како „да се има мизерно однесување“, и изјави дека таквата навредлива дефиниција треба да се отстрани од речниците.
(ii) Владата
79. Владата изјави дека зборовите и изразите содржани во речниците билр засновани на историски и социолошки факти и дека не постоела намера да се посрамоти ромската заедница. Таа понатаму го информира Судот дека Министерството за култура дало финансиски придонес од вкупно 2.700 евра за објавувањето на речниците во 1991 и 1998 година. Меѓутоа, Владата нагласи дека речникот за ученици не е училишен учебник и дека не е дистрибуиран во училиштата ниту пак е препорачан од Министерството за образование како дел од училишниот наставен план. На крај, таа посочи дека речниците не биле повторно печатени и дека всушност не се повеќе во продажба.
(б) Пресуда на Судскиот совет
80. Судскиот совет особено го зел предвид фактот дека на дефинициите во речниците им претходел коментар дека нивната употреба била „во преносно значење“. Затоа заклучил дека овие изрази не можело да се смета дека го повредуваат етничкиот идентитет на жалителот. Како последица на тоа, Судскиот совет не утврдил повреда на член 8 од Конвенцијата.
(в) Оцена на Судот
81. Судот на почетокот воочува дека жалителот сметал дека бил жртва на негативни стереотипи заради некои записи содржани во спорните речници. Според тоа, може да се примени член 8 од Конвенцијата, од причините наведени во параграф 60 погоре. Судот понатаму забележува дека, иако објавувањето на речниците за кои станува збор било делумно финансирано од Министерството за култура, жалителот поднел граѓанска тужба само против Јазичното здружение, невладина организација, а не повел управна постапка против Министерството во домашните судови (види параграфи 31-34 погоре). Затоа, како и жалбата 4149/09 (види параграфи 60 и 61 погоре), Судот ќе испита, со оглед на општите принципи наведени во параграфите 62-68 погоре, дали Владата ја исполнила својата позитивна обврска од член 8 да го заштити приватниот живот на жалителот од наводното мешање на трета страна, имено Јазичното здружение.
82. При отфрлањето на барањето на жалителот, Граѓанскиот суд во Анкара забележал дека дефинициите и изразите во речниците биле засновани на историски факти и социолошката реалност и дека немало намера да се понижи или обезвредни ромската заедница. Исто така воочил дека имало слични изрази на турски јазик во однос на други етнички групи, кои се појавувале во речници и енциклопедии (види параграф 33 погоре).
83. Затоа, домашниот суд ги испитал спорните записи за да утврди дали тие на незаконит начин се мешале во правата на жалителот од член 8 од Конвенцијата. Правјеќи го тоа, тој ги применил принципите поставени со судската пракса на Судот (види параграф 66 погоре).
84. Во врска со тоа, Судот забележува дека еден речник е извор на информации во кој се наброени зборовите од еден јазик и ги дава нивните различни значења, од кои основното е само описно или буквално, а другите може да бидат фигуративни, алегорички или метафорички. Тој е одраз на јазикот што се користи во општеството. Во двата речника буквалната дефиниција на зборот “çingene” („Циганин“) била дадена на страница 279. Од тие причини јасно е дека овие речници се прилично обемни и се наменети за да го опфатат целокупниот турски јазик. Судот ја воочува и првата дефиниција на зборот „Циганин“ дадена во споменатите речници, која гласи: „Етничка група или лице коешто припаѓа на етничка група што потекнува од Индија, чиишто припадници водат номадски живот и се нашироко распрскани во светот”. Како второ значење наведено е дека во метафорчка смисла зборот „Циганин” значи и „мизерен” (параграф 28 погоре). На истата страница, во речниците понатаму се дадени дефиниции на одредени изрази што се однесуваат на Циганите, како „цигански пари“ и „циганска розова”. Во врска со тоа Судот воочува дека, според образложението на Граѓанскиот суд во Анкара, овие изрази се дел од говорниот турски јазик.
85. Точно е дека, иако имаат иста содржина, речниците имаат различни целни групи, бидејќи насловот на вториот речник е „Речник на турскиот јазик за ученици“. Јасно е дека во речник наменет за ученици потребно е поголемо внимание кога се даваат дефинициите за изрази што се дел од секојдневниот јазик, а што може да се протолкуваат како понижувачки или навредливи. Според Судот, би било подобро таквите изрази да се означат како „пејоративни“ или „навредливи“, наместо само да се наведе дека се метафорички. Таквата претпазливост исто така би била во согласност со Препораката за општа политика на ECRI бр.10, каде е предвидено дека државите треба да промовираат критичко размислување меѓу учениците и да ги подготват со неопходните вештини за да станат свесни за и да реагираат на стереотипите или нетолерантните елементи содржани во материјалот што го користат (види параграф 39 погоре).
86. Меѓутоа, овој елемент сам по себе не е доволен за Судот ставот на домашните судови да го замени со својот став, имајќи го исто така предвид и фактот дека спорниот речник не е училишна книга и дека не е ниту дистрибуиран во училиштата ниту пак бил препорачан од Министерството за образование како дел од училишниот наставен план (види параграф 79 погоре).
87. На крај, Судот забележува дека случајот на жалителот против Јазичното здружение бил разгледан во две нивоа на надлежност на домашните судови (види параграфи 31-34 погоре). Иако на крај неговото барање било одбиено, Судот е убеден дека на жалителот му бил обезбедено ефикасно средство за одлучување по неговите наводи, како што тоа го налага член 8 од Конвенцијата.
88. Со оглед на наведеното, Судот смета дека домашните органи не ги пречекориле границите на нивната слободна оцена и не је занемариле нивната позитивна обврска да му обезбедат на жалителот ефикасно почитување на неговиот приватен живот.
89. Од тие причини, немало повреда на член 8 од Конвенцијата во однос на жалбата бр. 41029/04.
ОД ТИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Го одбива, едногласно, претходниот приговор на Владата и одлучува дека жалителот може да тврди дека е „жртва“ во смисла на член 34 од Конвенцијата;
2. Одлучува, со шеснаесет гласа против еден, дека немало повреда на член 8 од Конвенцијата во однос на жалбата бр. 4149/04;
3. Одлучува, со шеснаесет гласа против еден, дека немало повреда на член 8 од Конвенцијата во однос на жалбата бр. 41029/04.
Изработена на англиски и француски јазик, и донесена на јавна расправа во Зградата на човекови права, Стразбур, на 15 март 2012.
Michael O’Boyle Nicolas Bratza
Заменик секретарПретседател
Во согласност со член 45 § 2 oд Конвенцијата и правило 74 § 2 од Правилата на Судот, спротивставеното мислење на судијата Gyulumyan е приклучено кон оваа пресуда.
N.B.
M.O’B.
Издвоеното мислење не беше преведено но, се појавува на англиски и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се преземе од HUDOC базата на податоци на судска пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на случајот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако целта е да се употреби било кој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy