© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
CЛУЧАЈ ALLEN против ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
(Жалба бр. 25424/09)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
12 јули 2013 година
Оваа пресуда е правосилна, но може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Allen против Обединетото Кралство,
Европскиот суд за човекови права, заседавајќи како Голем судски совет во состав:
Dean Spielmann, Претседател,
Josep Casadevall,
Guido Raimondi,
Ineta Ziemele,
Mark Villiger,
Isabelle Berro-Lefèvre,
Khanlar Hajiyev,
David Thór Björgvinsson,
Ján Šikuta,
George Nicolaou,
András Sajó,
Ledi Bianku,
Zdravka Kalaydjieva,
Vincent A. De Gaetano,
Paul Lemmens,
Paul Mahoney,
Krzysztof Wojtyczek, судии,
и Michael O’Boyle, Заменик секретар,
Откако расправаше на затворени седници на 14 ноември 2012 и 22 мај 2013 година,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на второспоменатата дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 25424/09) против Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска поднесена пред Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човекови права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на британска државјанка, г-ѓа Lorraine Allen („жалителката), на 29 април 2009 година.
2. Жалителката, на којашто ѝ беше доделена правна помош, беше застапувана од Stephensons, aдвокатско друштво во Виган. Владата на Обединетото Кралство („Владата“) ја застапуваше нејзиниот агент, г-ѓа Y. Ahmed, oд Форин и Комонвелт Офисот.
3. Жалителката тврдеше по член 6, став 2 од Конвенцијата дека одлуката донесена после нејзиното ослободување од обвинение, со која се одбива нејзиното барање за надомест на штета поради судска грешка [miscarriage of justice] го повредувала нејзиното право на презумпција на невиност.
4. На 14 декември 2010 година жалбата беше комуницирана до Владата. Исто така беше одлучено истовремено да се донесе одлука за допуштеноста и основаноста на жалбата (член 29, став 1).
5. На 26 јуни 2012 година Судски совет на Четвртиот оддел на Судот составен од L. Garlicki, D. Björgvinsson, N. Bratza, G. Nicolaou, L. Bianku, Z. Kalaydjieva, V. De Gaetano и T.L. Early, Секретар на оддел, отстапи надлежност на Големиот судски совет, а странките не приговорија на тоа отстапување (член 30 од Конвенцијата и правило 72 од Правилата на Судот).
6. Составот на Големиот судски совет беше определен согласно одредбите на член 26, став 4 и став 5 од Конвенцијата и правило 24 од Правилата на Судот.
7. И жалителката и Владата доставија писмени опсервации за допуштеноста и основаноста на жалбата.
8. Јавна расправа се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 14 ноември 2012 година (правило 59, став 3 од Правилата на Судот).
Пред Судот пристапија:
(a) за Владата
г-ѓаY. Ahmed, Агент,
г-нJ. Strachan, Застапник,
г-нC. Goulbourn,
г-нG. Baird, Советници;
(б) за жалителката
г-нH. Southey QC,Застапник.
Судот слушна обраќања од страна на г-н Strachan и г-н Southey и нивни одговори на прашања поставени од Судот.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
9. Жалителката е родена во 1969 година и живее во Скарбороу.
A. Осуда на жалителката во кривична постапка
10. На 7 септември 2000 година жалителката била осудена од страна на порота од Крунскиот суд во Нотингам за убиство од небрежност на нејзиниот четиримесечен син, Patrick. Таа била осудена на казна затвор во траење од три години.
11. На судењето биле сослушани вешти лица од областа на медицината кои објасниле дека повредите кои му биле нанесени на нејзиниот син одговарале на тресење или удар. Осудата се засновала на прифатената хипотеза која се однесува на „синдромот на тресено бебе“ [“shaken baby syndrome”], исто така познат како „повреда на главата која не е случајна“ [“non-accidental head injury”], во смисла на тоа дека наодите на три интракранијални повреди кои се состоеле од енцефалопатија, субдурална хеморагија и ретинална хеморагија покажувале, или барем убедливо сугерирале, дека имало употреба на незаконита сила. Сите три повреди постоеле во случајот на смртта на синот на жалителката.
12. Жалителката не изјавила жалба веднаш после судењето.
Б. Укинување на осудата
13. После анализа од страна на надлежните органи на случаи во кои осудата била заснована на изјави на вештаци од областа на медицината, жалителката побарала дозвола и ѝ била дозволено да изјави жалба по истек на предвидениот рок. Жалбата била заснована на оспорување на прифатената хипотеза во врска со синдромот на тресено бебе врз основа на тоа дека нови медицински докази сугерирале дека трите повреди можеле да бидат предизвикани од друга причина покрај тој синдром.
14. На неутврдена дата, жалителката била ослободена од затвор, откако издржала шеснаесет месеци од нејзината казна.
15. Во контекст на жалбена постапката, Апелациониот суд (кривичен отсек) сослушал бројни вештаци од областа на медицината. На 21 јули 2005 година судот ја укинал пресудата на жалителката од причина што таа не се засновала на цврсти докази.
16. Што се однесува на неговата улога во оценувањето на докази по жалба, судот воочил:
„70. ... За генерални прашања од ваков карактер, кога има вистинска разлика помеѓу две угледни лекарски мислења, според нас, Апелациониот суд надлежен за жалби во кривична постапка вообичаено не е соодветен форум за решавање на тие прашања. Фокусот на овој Суд ќе биде (како што бил и порано) на одлучување на заснованоста на осудата на цврсти докази имајќи го предвид критериумот за нови докази кој ќе биде објаснет подолу. Тоа не значи дека таквите разлики не може да бидат разрешени на судење. При судење, кога ќе дојде до такви прашања, ќе биде задача на поротата (во кривична постапка) и на судијата (во граѓанска постапка) да ги реши како фактички прашања врз основа на сите докази кои се достапни во случајот ...“
17. Свртувајќи се кон анализа на фактите во случајот на жалителката, судот повторно нагласил дека неговата задача била да одлучи дали осудата била заснована на цврсти докази. Судот исто така воочил дека, со оглед на тоа дека случајот имал определена тежина, важно било да се има во обзир критериумот претставен од лордот Bingham oд Корнхил во случајот Pendleton (види параграф 47 подолу) кој се состои во поставување на прашање дали доказите, ако биле изведени на судење, може разумно да влијаеле врз одлуката на поротата да го осуди обвинетото лице. Тој понатаму кажал:
„143. ... Доказите изведени во текот на судењето и доказите изведени од Круната во оваа жалба, даваат убедлива теза против [жалителката]. Аргументот на [адвокатот на Круната], дека тријадата на повреди е утврдена и дека секој обид таа да биде доведена во прашање е заснован на шпекулација, е убедлив. Сепак колку и да се силни аргументите против [жалителката] ние сме загрижени за основаноста на осудата.“
18. Судот ги анализирал сведочењата на вештаците од областа на медицината во корист на жалителот и на Круната, воочувајќи ги разликите во нивните ставови, и заклучил:
„144. Прво, за да ја одбиеме жалбата, ние би морале да се согласиме со аргументот на [адвокатот на Круната] дека треба да го отфрлиме сведочењето на [вештакот предложен од жалителката], д-р Squier, во целост ...
145. ... Далеку од тоа дека кажуваме дека го прифаќаме сведочењето на д-р Squier и дека го преферираме во однос на тоа дадено од д-р Rorke-Adams [вештак на Круната]. Всушност, со оглед на тежината на доказите со кои се оспоруваат нејзините мислења ние имаме резерви за тоа дали д-р Squier може да биде во право. Но, исто така, со оглед на сите околности на овој случај, разликите помеѓу нив се такви да поротата морало да ги анализира во светло на сите докази во случајот.
146. Второ, иако доказите за наоди на ретинална хеморагија се силни докази кои укажуваат на тресење, сами по себе тие не покажуваат дека детето било тресено. Ако субдуралната хеморагија се доведе во прашање, тогаш наодите на ретинална хеморагија нема да ја пополнат таа празнина, иако потврдуваме дека тие може да се анализираат заедно. Исто така постои и прашањето за тоа дали
д-р Adams [вештак за жалителката] можеби е во право со нејзиниот став дека фиксираните и проширени зеници кои екипата на итната помош ги забележала укажувале на оток на мозокот во тоа време.
147. Tрето, иако како што веќе кажавме количината на сила која е потребна да предизвика тријада на повреди во повеќето случаи ќе биде повеќе од само грубо држење, доказите сугерираат дека ќе има ретки случаи во кои повредите не одговараат на степенот на употребената сила. Во најмала рака возможно е во такви ретки случаи (можеби многу ретки случаи) многу мала сила да предизвика катастрофални повреди.“
19. Нагласувајќи ја важноста на клиничките докази во случајот, судот понатаму кажал:
„150. ... Накусо, [жалителката] е опишана како внимателна и грижлива мајка. Таа го повикала д-р Barber касно во ноќта затоа што била загрижена за Patrick. Д-р Barber кажал дека таа била смирена и дека се однесувала контролирано во тој момент. Аргументот на обвинителството во текот на судењето беше дека во периодот од заминувањето од куќата на д-р Barber до 2.30 часот кога [жалителката] ја повикала итната помош таа морало насилно и незаконито да го тресе Patrick. Според нас овој развој на настаните земен заедно со отсуството на наоди на повреди на било кој дел од главата, лицето или телото; како и отсуството на фрактури или било кој друг знак освен трите повреди, не се совпаѓа лесно со аргументот на Круната за незаконит напад заснован на постоењето на трите повреди, кој и самиот е претпоставка.’
20. Судот заклучил:
„152. Како што кажавме доказите и аргументите на Круната се убедливи. Ние сме свесни дека сведоците повикани во корист на [жалителката] не покажаа убедливо конкретно алтернативно објаснување на повредите на Patrick. Но, во оваа жалба трите повреди се единствени докази и според нас клиничките докази не упатуваат на синдромот на тресено бебе. Во овој случај трите повреди може да се несигурни докази поради причините кои веќе ги кажавме. Во секој случај, според нашето гледање на доказите во овие жалби, самото присуство на трите повреди по себе не може автоматски или нужно да доведе до дијагноза на синдром на тресено бебе.
153. Главното прашање при судењето било дали [жалителката] ја предизвикала смртта на нејзиниот син, Patrick, со употреба не незаконита сила. Ние се прашуваме дали новите докази, кои ги слушнавме во однос на причината за смртта и степенот на сила кој е потребен за да ги предизвика трите повреди, би можеле разумно да влијаат врз одлуката на поротата да ја осуди жалителката. Поради сите причини кои ги споменавме ние заклучивме дека тоа може да било случај. Затоа осудата не била заснована на цврсти докази и жалбата мора да биде усвоена. Осудата ќе биде укината.“
21. Не било наредено повторно одлучување по случајот.
В. Барање за надомест на штета
1. Одлука на надлежниот Министер
22. После укинувањето на осудата, жалителката се обратила до надлежниот Министер барајќи надомест за судска грешка врз основа на член 133 од Законот за кривична постапка од 1988 година („Законот од 1988 година“ – види параграфи 49-53 подолу).
23. Со допис од 31 мај 2006 година адвокатите на жалителката биле известени дека Министерот не сметал дека жалителката имала право на надомест на штета. Во дописот се забележувало:
„Министерот е на мислење дека Вашиот клиент не ги исполнува законските услови од член 133, став 1 од Законот затоа што сведочењата на вештите лица од областа на медицината анализирани од страна на Апелациониот суд не довеле до откривање на нов факт ... Министерот смета дека новите медицински докази за степенот на сила кој е потребен за да ги предизвика трите повреди не се нов факт или факт кој бил откриен после постапката, туку ги покажува промените на мислењата на лекарите за степенот на сила кој е потребен да ја предизвика тријадата на повреди и се правилно квалификувани како нови докази за факти кои биле познати цело време, а не како нови факти.“
2. Пресуда на Високиот суд
24. Жалителката потоа иницирала постапка за судска оцена во која ја оспорила одлуката со која ѝ се одбива барањето за надомест на штета поднесено согласно член 133 од Законот од 1988 година. Таа тврдела дека ги исполнувала критериумите за надомест наведени во тој член.
25. Барањето било одбиено од страна на Високиот суд на 10 декември 2007 година. Судијата започнал со анализа на пристапот на Апелациониот суд (кривичен отсек) при укинувањето на осудата на жалителката, и ги извлекол следните заклучоци:
„21. ... (1) судот го применил критериумот Pendleton [подвлечено во оригиналниот текст на пресудата] и не одлучил по сложените медицински прашања кои се поставувале со изведените докази; (2) судот одлучил само дека доказите кои биле изведени пред него можеле, ако биле прифатени од поротата, да ја наведат поротата да ја ослободи жалителката; (3) и покрај тој заклучок, судот сметал дека аргументот на Круната бил убедлив. Не мислам дека тој заклучок одговара на сугестијата дека по завршувањето на ново судење, врз основа на тие докази, надлежниот судија би бил обврзан да ја насочи поротата да ја ослободи жалителката; (4) доказите анализирани од страна на Апелациониот суд кој го навеле да го донесе неговиот закклучок биле сложена комбинација на факти и мислења.“
26. Судијата забележал дека Апелациониот суд (кривичен отсек) не наредил повторно судење, но сметал дека тоа не било значајно затоа што, дотогаш, жалителката, ја издржала нејзината казна и секакво повторно судење би било бесмислено и не би било во јавен интерес.
27. Свртувајќи се кон анализа на барањето за надомест на штета на жалителката, судијата воочил дека иако двете страни се согласиле дека жалителката била казнета како последица на осуда којашто покасно била укината, останатите елементи на кои се засновало нејзиното барање поднесено согласно член 133 биле спорни. Тој продолжил:
„29. Толкувањето на член 133 беше анализирано од Домот на лордови во R (on the application of Mullen) v Secretary of State for the Home Department [види параграфи 54-62 подолу]. Постоело добро познато несогласување на ставовите на лордот Bingham и лордот Steyn. Фактите на тој случај се разликуваат од овој случај и ratio decidendi на таа одлука не помага при одлучувањето по ова барање. Тоа било така едноставно затоа што причината поради која била укината осудата на Mullen не се однесувала на истрагата или на водењето на судењето или доказите кои довеле до осудата, така што тој немал право на надомест на штета согласно член 133. Она што е карактеристично за овој случај е што тој во никој момент не тврдел дека всушност бил невин и дека не го извршил делото за кое бил осуден.“
28. Судијата прифатил дека причината поради која Министерот го одбил барањето за надомест на штета била одраз на премногу ограничен став за тоа што претставува нов или новооткриен факт. Тој сметал дека било особено тешко да се направи разлика помеѓу лекарските мислења и фактите и дека би било многу неправедно на барателот да му се одбие барањето за надомест на штета само затоа што барањето било засновано на промена на лекарското мислење како и на клиничките наоди. Сепак, тој заклучок не бил одлучувачки за барањето на жалителката, затоа што немало смисла тоа да му се врати на Министерот на повторно одлучување ако тој бил принуден да ја донесе истата одлука по барањето, но поради друга причина.
29. Судијата го воочил поднесокот на адвокатот на жалителката дека таа не морала да покаже дека не била виновна за делото за коешто била осудена; како и неговото признание дека не можело да се тврди пред Високиот суд дека ако жалителката можела да покаже дека имало сомневање за нејзината вина кое што можело или требало да ја наведе поротата да ја ослободи, барањето за надомест на штета требало да биде усвоено. Судијата сметал дека тоа признание било неизбежно и правилно во принцип, со оглед на забелешките на Лордот Претседател на Домот на лордови [Lord Chief Justice] во случајот R (on the application of Clibery) v. Secretary of State for the Home Department [2007] EWHC 1855 Admin, којшто го цитирал на следниот начин:
„41. ... ‘Лордот Bingham [во R (Mullen)] ... анализирал две различни ситуации, за секоја од кои сметал дека влегувале во описот на „судска грешка“ во член 133 од Законот од 1988 година. Првата е кога нови факти покажуваат дека тужителот не бил виновен за кривичното дело за коешто бил осуден. Во такви околности, можело да се каже дека ако фактите за кои станува збор биле претставени пред порота, тој не би бил осуден. Втората ситуација е кога има акти или пропуштања во текот на судењето до кои не требало да дојде и кои толку го повредувале правото на правично судење да можело да се каже дека тој бил „неоправдано осуден“. Во такви околности соодветно било да се каже дека тужителот не требало да биде осуден..’ “
30. Судијата продолжил:
„42. Г-н Southey [за жалителката] не се изјасна пред мене за сфаќањето на Стразбур на презумпцијата на невиност. Јас нема да се изјаснам во однос на тоа. Тој покасно ќе ја искаже неговата позиција. Со оглед на тоа мене ми се чини дека е надвор од словото на законот дека ако се опише случај во кој поротата можеби би донесла поинаков заклучок, дека тоа покажува дека “надвор од разумно сомневање дошло до судска прешка“ [‘beyond reasonable doubt that there has been a miscarriage of justice’.] Забелешките на лордот Bingham за процедурални грешки мене ми се чини дека немаат влијание врз случаи на грешки во доказите. Во такви случаи она што е потребно е нов или новооткриен факт кој мора да покаже надвор од разумно сомневање [beyond a reasonable doubt] дека дошло до судска грешка. Тоа не е покажано во случај кога сѐ што е утврдено е дека, ако имало нови докази, правилно насочена порота можеби би дошла до поинаков заклучок.“
31. Судијата понатаму забележал:
„44. Да замислиме случај во кој обвинетиот молчи во текот на распитот или на судењето – и во кој единствените докази против него се оние кои се добиени од еден единствен сведок – и кој е осуден врз основа на тие докази заедно со заклучоците изведени од неговото молчење. Ако покасно се покаже дека доказите на единствениот сведок биле во целост неточни, без разлика на тоа дали поради нечесни мотиви на сведокот или едноставно заради грешка, може барем да се тврди дека во случајот на тој тужител имало судска грешка, иако никогаш нема никој да одлучи, или можеби никогаш никој нема да дознае, дали обвинетиот всушност бил виновен за кривичното дело. Но, таа сугестија не ѝ користи на тужителката во овој случај. Затоа што, како што покажува изведувањето на медицинските докази пред Апелациониот суд и на судењето пред порота – имало убедливи докази против тужителката. После завршните зборови на обвинителството или всушност после завршувањето на доказната постапка, според ставот изречно искажан од Апелациониот суд, би било на поротата да одлучи по прашањето ...“
32. Тој заклучил:
„45. Како што покажуваат пасусите од пресудата на Апелациониот суд [во предметот Clibery] кои ги цитирав, сѐ што било одлучено е дека нови докази отворале можност дека кога ќе се земат заедно со доказите изведени во текот на судењето, дека поротата можеби би ја ослободила тужителката. Тоа не значи дека се покажало надвор од разумно сомневање дека имало судска грешка во овој случај. Затоа и поради таа едноставна причина, го одбива ова барање.“
3. Пресуда на Апелациониот суд
33. Жалителката изјавила жалба. На 15 јули 2008 година Апелациониот суд (граѓански отсек) ја одбил жалбата. Донесувајќи ја пресудата на тој суд, лордот судија [Lord Justice] Hughes започнал со резимирање на пристапот на Апелациониот суд (кривичен отсек) при укинувањето на осудата на жалителката. Тој се повикал на заклучоците искажани во пресудата на Апелациониот суд (кривичен отсек), во насока на тоа дека иако имало убедливи аргументи против жалителката, судот бил загрижен за тоа дали осудата била заснована на цврсти докази. Тој понатаму кажал:
„17. ... Одлуката во однос на заснованоста на осудата на цврсти докази, во случај на нови докази е на самиот суд, а не е за тоа каков ефект би имало новите докази врз мислењето на поротата, но, во тежок случај судот може да најде дека е од помош да го провери неговото првично мислење прашувајќи се дали доказите кои се сега достапни можеле разумно да влијаат врз одлуката на поротата за осуда на обвинетиот. Во овој случај јасно е дека Апелациониот суд (кривичен отсек) го прифатил вториот пристап и во неговата одлука во значителен обем се повикал на тоа какво можело да биде влијанието на сведочењето на вештаците од областа на медицината кои биле изведени пред него ако тие докази ѝ биле достапни на поротата ... Нема простор за сомневање дека судот гледал на правилното толкување на клиничките наоди во овој случај како прашање кое тој не треба како такво да го реши, туку како прашање кое можело и требало да биде одлучено од страна на порота при слушање на спротивставени експертски мислења. Прифаќајќи го тој пристап, одлучил дека доказите кои биле сега достапни би можеле, ако биле биле изведени пред порота, да доведат до поинаков исход на постапката.“
34. Што се однесува на одлуката на Апелациониот суд (кривичен отсек) да не нареди повторно одлучување, судијата коментирал:
„18. ... До моментот на поднесување на жалбата, таа веќе ја имала издржано казната и веќе поминало многу време. Разбирливо, во тие околности, немало барање од Круната за повторно судење, затоа што несомнено осудата би била укината токму од таа причина набрзо после судењето.“
35. Судијата го анализирал значењето на изразот „судска грешка“ и ја резимирал разликата на пристапот на лордот Bingham и Steyn во случајот R (Mullen) на следниот начин:
„21. ... Лордот Steyn сметал... дека во овој контекст ‘судска грешка’ значи дека невиноста на обвинетиот е потврдена. Лордот Bingham ... не дал мислење по ова прашање, но јасно кажал дека тој „се двоумел дали да го прифати“ ова толкување.Тој бил подготвен да прифати дека изразот ‘судска грешка“ се однесувал во овој контекст на сериозни пропусти во процесот на судење, без разлика дали била докажана невиност на обвинетиот или не.“
36. Сепак, тој објаснил со оглед на едногласното мислење на Домот на лордови дека барањето на г-н Mullen не било основано, различните толкувања на лордот Steyn и лордот Bingham не биле стриктно потребни за одлуката.
37. Судијата воочил дека адвокатот на жалителката прифатил дека со одлуката на Апелациониот суд (кривичен отсек) за укинување на осудата, невиноста на жалителката не била докажана согласно стандардот надвор од разумно сомневање [beyond reasonable doubt], или на конклузивен начин. Тој затоа забележал дека ако било точно толкувањето на лордот Steyn на член 133 од Законот од 1988 година, тогаш барањето на жалителката не било основано. Сепак, аргументот на жалителката бил дека требало да се прифати пристапот на лордот Bingham и дека врз основа на тоа толкување, нејзиното барање било основано затоа што имало сериозен пропуст во текот на нејзиното судење. Анализирајќи го коментарот на лордот Bingham во случајот R (Mullen), судијата воочил:
„26. ... Јасно е дека клучната карактеристика на екстензивното толкување на изразот „судска грешка“ кое [лордот Bingham] бил подготвен да го прифати е дека ‘имало сериозен пропуст во ...водењето на судењето’ ...“
38. Судијата понатаму забележал:
„27. Во овој случај немало никаков пропуст, сериозен или не, во водењето на судењето. Говорејќи за ‘дискутабилни сведочења на вештаци’ јасно е дека лордот Bingham не мислел на сведочење кое било совесно направено засновано на сериозно вештачење направено во време на судењето. Најмногу што може да биде кажано против изјавите на вештаците дадени на ова судење е дека можеби требало да биде приспособено во светло на новите медицински истражувања и/или мислења. Во секој случај, не било покажано дека медицинските докази кои постоеле во моментот на судењето биле дискутабилни, дури ни во најтесна смисла на зборот. Како што покажуваат пасусите на одлуката на Апелациониот суд (кривичен отсек) коишто јас сега ги цитирав, одлуката на овој суд не одела понатаму од тоа да каже дека за разликите помеѓу мислењата на лекарите требало да одлучи порота. Тоа исто така не било случај во кој на поротата ѝ бил презентиран медицински консензус дека тријадата на повреди укажувала на незаконито убиство. Вештаците од областа на медицината повикани од страна на жалителката прифатиле дека, доказите одговорале на незаконито убиство, но спореле дека тие нужно воделе до таков заклучок. Жалбата била дозволена затоа што во текот на годините кои поминале станале поубедливи мислењата искажани во корист на жалителката и кои сега биле поткрепени со сведочењето на д-р Squier, коешто поротата не го слушнала и кое Апелациониот суд (кривичен отсек), и покрај јасни сомнежи во него, не бил во позиција да го отфрли во целост.
28. Од истите причини, јас немам сомневање дека одлуката на Апелациониот суд (кривичен отсек) не значи дека откако станале достапни новите докази, повеќе немало аргументи против жалителката...“
39. Судот потоа ги дискутирал ситуациите во кои несогласувањето помеѓу угледни вештаци би довело до заклучок дека не било паметно или не би било безбедно да се продолжи со судењето. Тој воочил дека немало прецедент кој сугерира дека кога вештаците не се согласувале во врска со заклучоците кои може да се ивлечат од повредите, случајот требало да се повлече од пред порота. Напротив, тој сметал дека разрешувањето на таквите несогласувања, имајќи го предвид стандардот на докажување во кривична постапка, било важен дел од функциите на поротата. Затоа тој заклучил:
„29. Во овој случај, немало основа за да се каже дека, согласно новите докази, немало случај кој поротата треба да го разгледа. Понатаму, ако судот сакал да каже дека (сега) повеќе нема обвиненија против жалителката, тој тоа би го сторил на едноставен начин. Напротив, фактот што тој повеќе пати повторил дека оценувањето на спротивставените мислења на вештаците било задача на поротата е сосема неконзистентен со заклучокот дека повеќе немало обвиненија со оглед на актуелната состојба на медицинските докази. Исто така, поставувањето на прашањето од случајот Pendleton како проверка не е конзистентно со заклучокот дека случајот никогаш не требало да биде изведен пред порота ако биле познати новите докази.
30. Во тие околности, јас извлекувам јасен заклучок дека, дури и врз основа на толкувањето на член 133 кое го преферирал лордот Bingham, ова барање не може да биде усвоено ...“
40. Иако во околностите не требало да се разреши разликата во толкувањето на член 133 искажано од лордот Bingham и лордот Steyn, судијата сепак се изјаснил дека го преферира пристапот на лордот Steyn, воочувајќи, помеѓу останатото:
„40 iii) Иако, се разбира, се согласувам дека Апелациониот суд (кривичен отсек) не го анализирал прашањето на вина или невиност, туку само дали осудата била заснована на цврсти докази, тие случаи во кои може навистина да се покаже надвор од разумно сомневање дека обвинетиот кој бил осуден бил невин поради нов или новооткриен факт, ќе може да се препознаат во тој суд и во пресудата, во речиси секој случај, јасно ќе биде кажано дека се работело за таков случај ... Мене ми се чини дека дејството на овој член создава многу реални тешкотии ако се прифати пошироката дефининција [на изразот судска грешка], затоа што тогаш станува неопходно во секој случај на укинување на осуда поради нови докази да се постави прашањето дали бил исполнет критериумот од член 133 дека судската грешка била докажана надвор од разумно сомневање или се работи само за случај на сомневање до степен да осудата не е заснована на цврсти докази. Сепак, ако изразот судска грешка значи дека било утврдено надвор од разумно сомневање дека осудениот бил невин, тогаш обично нема да има тешкотија тие случаи да бидат очигледни од пресудите на Апелациониот суд (кривичен отсек).“
41. Што се однесува на аргументот на жалителката заснован на презумпција на невиноста, судијата се повикал на пресудите на Судот во случаите Sekanina против Австрија, 25 август 1993 година, Серија A бр. 266‑A; Rushiti против Австрија, бр.28389/95, 21 март 2000 година; Weixelbraun против Австрија, бр.33730/96, 20 декември 2001 година; O. против Норвешка, бр.29327/95, ECHR 2003‑II; и Hammern против Норвешка, бр.30287/96, 11 февруари 2003 година. Тој одлучил дека тие пресуди не воделе до заклучок дека жалителката имала право на надомест на штета согласно член 133, од следните причини:
„35. i) Ниту во еден од тие случаи не било анализирано прашањето за кое се одлучува во овој случај, имено системот на исплата на надомест на штета за несомнено докажана судска грешка според МПГПП [Меѓународниот пакт за граѓански и политички права од 1966 година – види параграф 65 подолу].
ii) Во самиот член 14 од МПГПП се спротивставува и одредбата за надомест на штета во член 14, став 6, која се разгледува сега, и, со член 14, став 2, одредба форумулирана на ист начин како член 6, став 2 од ЕКЧП. Сепак во став 6, членот 14 очигледно наложува нешто повеќе од укинување на осуда пред да настане право на надомест на штета, имено судската грешка да биде конклузивно докажана со нови или новооткриени факти. Мене не ми се чини дека овие одредби може истовремено да постојат ако последицата од член 14, став 2 е дека е за надомест на штета е доволно да биде укината осудата поради нов факт ...
iii) Иако МПГПП е меѓународен договор кој е независен од Европската конвенција, идентични одредби со член 14, став 6 постојат во член 3 од Протокол бр. 7 на ЕКЧП. Од истите причини, не може да се замисли дека член 3 не би можел да биде формулиран на начинот на кој е сега формулиран, ако член 6, став 2 од Конвенцијата значел дека после укинување на осуда поради нови докази нужно морало да биде доделен надомест на штета.
iv) Како што посочил лордот Steyn во пресудата во Mullen ..., разликата помеѓу националниот австриски систем за кој се одлчувало и меѓународниот систем согласно член 3 од Протокол бр. 7 била таква разлика кон која Судот во Стразбур внимателно го обрнал вниманието во пресудата во Sekanina ... во параграф 25 ...
v) Очигледно е од случаите против Австрија и Норвешка дека границата помеѓу примена и неприменување на член 6, став 2 е често тенка. Во Sekanina Комисијата ... изречно кажала дека член 6, став 2 „се подразбирало“ дека не забранувал повикување на истите факти, после мериторно ослободување, во граѓанска тужба против обвинетиот, и тоа мора да се случува вообичаено, особено во областа на доделување и грижа за деца. Сепак во Orr v Norway ... Судот одлучил дека член 6, став 2 на жалителот во случаи на силување не му давал право на надомест на штета после ослободување и покрај различниот стандард на докажување кој важи за граѓанските тужби; одлуката била заснована на начинот на кој судот се изразил при анализата на второто прашање.
vi) Основата за одлуките во австриските и норвешките случаи била блискоста на врската помеѓу мериторната одлука за ослободување од обвинение и одлуката која се однесува на барањето за надомест на штета. Во австриските случаи одлуката за надомест на штета била во надлежност на кривичниот суд, иако вообичаено ја донесувал кривичен суд во поинаков состав по протек на определено време после ослободувањето од обвинение, како што, на пример, може да биде анализирана наредба за конфискација во Англија. Понатаму, судот делумно постапил преку анализирање на одлуката на поротата. Во норвешките случаи одлуката за ослободување била донесена од суд составен од судии и порота, а истите судии отприлика веднаш после тоа одлучувале за надомест на штета ...
vii) За разлика од тоа, надоместот на штета во случај на нови докази согласно член 14, став 6 и член 133 не е поврзан со било каква мериторна ослободителна одлука. Наместо тоа, надоместот се плаќа не само кога имало укинување на осудата туку исто така и кога постои дополнителниот фактор на судска грешка која е докажана надвор од разумно сомневање, или на конклузивен начин.
viii) Несомнено може да се каже ... каков што е надоместот на штета при ослободување согласно норвешкиот систем, опишан од Судот како постапка чија цел била ‘да се утврди дали државата има финансиска обврска да го надомести товарот кој го создала ...за лицето со постапката против него која иницирала’ (види O v Norway ...), исто таков е и системот за надомест на штета при судска грешка согласно член 14, став 6. Но, тука се поставува прашањето во кој момент се создава таква обврска според тој систем. Ако член 6, став 2 треба да се применува согласно системот кој сега се разгледува, не би имало причина, од гледна точка на логиката или правичноста, да се прави разлика помеѓу лица чии осуди кои се укинати поради нови докази и оние чии осуди се укинати од други причини; секој од нив би бил во позиција да може да се повика на презумпција на невиноста. Всушност, не би имало ниту една очигледна причина за да се прави разлика помеѓу оние кои се осудени, но чии осуди се укинати и оние кои се ослободени при судењето. Но, јасно е дека член 14, став 6 не предвидува плаќање на надомест на штета надвор од ограничените околности на кои упатува.
ix) Во Mullen, лордот Steyn заклучил ... дека член 6, став 2 од ЕКЧП не се однесувал на специјалните правила креирани со член 14, став 6 од МПГПП. Одлуката на лордот Bingham била дека ... австриските и норвешките случаи ... не му биле од помош на Mullen затоа што неговото ‘ослободување’ не било поврзано со основаноста на обвиненијата против него.“
42. Жалителката побарала дозвола да изјави жалба до Домот на лордови. Барањето ѝ било одбиено на 11 декември 2008 година.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
A. Укинување на осуда
1. Законот за жалби во кривични предмети од 1968 година
43. Член 2, став 1 од Законот за жалби во кривични предмети (со измените) предвидува дека Апелациониот суд:
„(a) ќе дозволи поднесување жалба против осуда ако смета дека осудата не е заснована на цврсти докази; и
(б) во секој друг случај ќе ја одбие жалбата.“
44. Член 2, став 2 наложува судот да ја укине осудата во случај да ја дозволи жалбата.
45. Член 2, став 3 предвидува:
„Одлука на Апелациониот суд со која се укинува осуда, освен кога согласно член 7 се нареди повторно судење, ќе дејствува како упатство на судот кој ја донел осудата во казнената евиденција наместо осуда, да заведе ослободителна пресуда.“.
46. Член 7, став 1 од Законот од 1968 година предвидува дека кога Апелациониот суд ќе дозволи жалба против осуда и на судот му се чини дека интересите на правдата така наложуваат, тој може да нареди повторно судење. Повторно судење може да е несоодветно, на пример, кога обвинетиот веќе ја издржал казната и ништо не би се постигнало со повторното судење.
2. Пристап на судството при укинување на осуди врз основа на нови докази
47. Во случајот R v. Pendleton [2001] UKHL 66, Домот на лордови разгледувал каков треба да биде пристапот на апелациониот судови во случаи во кои има нови докази. Лордот Bingham од Корнхил објаснил:
„19. ... Домот на лордови во Stafford со право го отфрлил аргументот на застапникот дека Апелациониот суд поставил погрешно прашање земајќи го за критериум дејството на новите докази врз мислењето на судиите, а не дејството кое тие докази би го имале врз мислењето на поротата ... Јас не сум убеден дека Домот на лордови воспоставил погрешен принцип во Stafford, сѐ додека Апелациониот суд има предвид дека прашањето за кое одлучува е дали осудата била заснована на цврсти докази, а не дали обвинетиот бил виновен. Но, критериумот за кој се залагал адвокатот во Stafford ... претставува двојна доблест ... Прво, го потсетува Апелациониот суд дека тој не е и никогаш не треба да стане примарен носител на одлуки. Второ, го потсетува Апелациониот суд дека тој има несовршено и нецелосно сфаќање на целиот процес кој ја навел поротата да го осуди обвинетиот. Апелациониот суд може да даде своја оцена на новите докази кои биле изведени, но освен во очигледен случај, тој е во понеповолна положба настојувајќи да ги поврзе тие докази со останатите докази кои биле изведени пред поротата. Од тие причини обично ќе биде паметно Апелациониот суд, во случај на било каква тешкотија, да го провери својот првичен став прашувајќи се дали доказите, ако биле изведени при судењето, можеле разумно да влијаат врз одлуката на поротата да го осуди обвинетиот. Ако тоа било можно, тогаш мора да се смета дека осудата не била заснована на цврсти докази.“
48. Лордот Brown of од Итон-под-Хејвуд, во случајот кој покасно бил разгледан од Тајниот совет [Privy Council], Dial and another v. State of Trinidad and Tobago [2005] UKPC 4, коментирал:
„31. ... Законот сега е јасно воспоставен и може на едноставен начин да се каже следното. Кога се изведени нови докази по жалба во кривичен предмет, на Апелациониот суд е, претпоставувајќи дека ја дозволил таа жалба, да ја оцени нивната важност во контекст на останатите докази во случајот. Ако судот заклучи дека новите докази не создаваат никакво разумно сомневање во однос на вината на обвинетиот, тој ќе ја одбие жалбата. Главното прашање е за самиот суд и тоа не е какво дејство новите докази би имале врз мислењето на поротата. Сепак, ако судот смета дека случајот е тежок, може да му биде од помош да го провери своето мислење ‘прашувајќи дали доказите, ако биле изведени во текот на судењето, можеле разумно да влијаат врз одлуката на поротата да го осуди обвинетиот’: R v Pendleton ... Сепак, како водечки прицнип останува принципот изразен ... во Stafford ... и потврден од Домот на лордови во Pendleton:
‘Иако ... Апелациониот суд и Домот на лордови може да го сметаат за погоден пристапот да анализираат што би направила поротата ако новите докази биле изведени пред неа, крајната одговорност е нивна и само нивна за одлучување на прашањето [дали осудата била заснована на цврсти докази или не].’“
Б. Надомест на штета за судски грешки
1. Законот за кривична правда од 1988 година
49. Член 133, став 1 од Законот за кривична правда предвидува дека:
„(1) Ако се исполнети условите од потставот 2 подолу, кога поединец бил осуден за кривично дело, а потоа неговата осуда била укината или тој бил помилуван од причина што нов или новооткриен факт покажува надвор од разумно сомневање дека дошло до судска грешка, Министерот ќе му исплати надомест за судската грешка на лицето на кое му било изречена казна како последица на таквата осуда ... освен ако неоткривањето на непознатиот факт било во целост или делумно по вина на осуденото лице.
50. За прашањето дали има право на надомест на штета согласно член 133 одлучува Министерот по барање од засегнатото лице.
51. Врз основ на член 133, став 5, изразот „укинува“ треба да се толкува како осуда која била укината, помеѓу другото, по жалба поднесена по истек на рокот предвиден за жалба; или после доставување до Апелациониот суд од страна на Комисијата за преоценување на кривични предмети [Criminal Cases Review Commission].
52. Член 133, став 6 предвидува дека поединецот е подложен на казна како последица на санкција која му била изречена за кривичното дело за кое било осуден.
53. Дополнителни одредби беа внесени во член 133 после донесувањето на Законот за кривична правда и имиграција од 2008 година, со кои се воведува рок од две години за поднесувања на барања за надомест на штета и со кои се појаснува односот помеѓу “укинување“ на осуда и можноста за повторно судење. Овие одредби влегоа во сила на 1 декември 2008 година, после одлуката на Апелациониот суд по барањето за надомест на штета во овој случај (види параграф 33 погоре).
2. Судско толкување на изразот „судска грешка“ [“miscarriage of justice”]
(a) Толкување кое се користело пред постапката за надомест на штета во случајот на жалителката
54. Во R (Mullen) v. Secretary of State for the Home Department [2004] UKHL 18, Домот на лордови разгледувал барање поднесено по член 133 од Законот од 1988 година. Судењето на г-н Mullen во Англија било возможно само затоа што британските власти договориле депортација од Зимбабве со флагрантна повреда на меѓународното право. За тоа се дознало дури после неговата осуда и неговата жалба до Апелациониот суд, приближно седум години покасно, довела до укинување на осудата од причина што при депортацијата дошло до повреда на процедурата, имено тешка злоупотреба на извршната власт. Неговото барање за надомест на штета согласно член 133, или ex gratia системот којшто паралелно постоел во тој момент, било одбиено од страна на Министерот. Во постапката за судска оцена, Домот на лордови едногласно утврдил дека дошло до судска грешка во неговиот случај. Сепак, постоела несогласност на ставовите на лордот Bingham и лордот Steyn во однос на правилното толкување на членот 133.
55. Лордот Bingham за изразот „неоправдана осуда“ кажал:
„4. ... Изразот ‘неоправдана осуда’ не е правен термин и нема утврдено значење. Обично изразот се однесува на осуда на лица кои не се виновни за кривичното дело за чие извршување биле осудени. Но, во вообичаениот говор изразот, јас сметам, би се однесувал и на оние, кои без разлика дали се виновни или не, очигледно не требало да биде осудени во постапката против нив. Невозможно и непотребно е да се утврдат различни причини поради кои обвинетиот бил осуден, а не требало. Тоа може да биде затоа што доказите против него биле наместени или дошло до лажно сведочење, може да бил осуден затоа што осудата се потпирала на дискутабилно сведочење на вештаци, може да било така затоа што докази во прилог на одбраната биле сокриени или не биле покажани, може да биде така затоа што имало злонамерно влијание врз поротата, или судот постапил неправедно или дал погрешни насоки. Во такви случаи, може, или почесто може да не е возможно да се каже дека обвинетиот бил невин, но може да се каже дека тој бил неоправедно осуден. Заедничко за сите случаи е дека имало пропусти во истрагата за кривичното дело или во водењето на постапката, кои довеле до осуда на некој кој не требало да биде осуден.“
56. Иако во случајот на жалителката се чини дека и Високиот суд и Апелациониот суд сметале дека оваа изјава била релевантна за толкувањето на лордот Bingham на изразот „судска грешка“ во член 133, треба да се воочи, како што било објаснето од лордот Hope во пресудата која покасно ја донел Врховниот суд во случајот Adams (види параграф 63 подолу), дека коментарите на лордот Bingham не се однесувале на тој израз, туку на фразата „неоправдана осуда“, во контекст на системот ex gratia кој важел во тој момент.
57. Лордот Bingham воочил дека член 133 бил воведен со цел да се даде правно дејство на обврската од член 14, став 6 од МПГПП, и забележал дека тој член (14) бил насочен кон гарантирање дека на обвинетите им се суди правично; тој немал влијание врз злоупотребите на извршна власт кои не воделе до неправично судење. Тој понатаму забележал:
„8. ... При укинувањето на осудата на г-н Mullen, Апелациониот суд (кривичен отсек) ја осудил злоупотребата на извршната власт кој довела до негово апсење и киднапирање на единствениот начин на кој тоа било можно. Но, тој не утврдил ниту еден пропуст во судската постапка. Министерот е обврзан за пропустите во судската постапка, со член 133 и член 14, став 6, да плати надомест на штета. Од таа причина јас би заклучил дека тој не е обврзан да плати надомест на штета согласно член 133 во овој случај.“
58. Тој не бил сигурен дали да го прифати аргументот на Министерот дека член 133, кој го одразува член 14, став 6 од МПГПП, го обврзувал да плати надомест на штета само кога било покажано надвор од разумно сомневање дека обвинетиот, правосилно ослободен во околности кои ги исполнуваат законските услови, дека не бил виновен за кривичното дело за кое бил осуден. Со оглед на заклучокот дека не требало да се плати надомест, сепак не било потребно да се одлучи по тоа прашање.
59. Лордот Steyn забележал дека член 133 била заснован на член 14, став 6 од МПГПП, исто како и член 3 од Протокол бр. 7. Тој анализирал неколку пресуди на овој Суд во кои била утврдена повреда на член 6, став 2 во врска со постапка за надомест на штета, кога жалителите биле ослободени при судењето, заклучувајќи:
„41. ... Одлуките не се релевантни за прашањето за кое сега се одлучува. Интеракцијата помеѓу член 6, став 2 и член 3 од Протокол бр. 7 не била анализирана во нив. Причината за тоа била што во австрискиот закон имало пошироко право на надомест на штета од тоа што е предвидено со член 3 од Протокол бр. 7.“
60. Откако заклучил дека судската пракса на овој Судот не помагала при толкувањето на член 133, лордот Steyn го анализирал толкувањето на член 14, став 6 како такво. Тој воочил дека случај во кој обвинетиот бил неоправдано осуден и неговата осуда била укината по жалба вложена во предвидениот рок не се квалификувал за надомест на штета. Тој понатаму воочил дека ако немало нов или новооткриен факт, туку само потврда дека претходното одбивање на жалбата било погрешно, случајот бил надвор од опсегот на примена на член 14, став 6. Тој затоа заклучил дека немало суштинска цел на давање на надомест на сите кои биле неоправдано осудени; и дека фундаменталното право од член 14, став 6 било несомнено стриктно ограничено. Тој понатаму рекол:
„46. Условот дека новиот или новооткриениот факт мора конклузивно да покаже (или надвор од разумно сомневање како што се вели во член 133) дека ‘дошло до судска грешка’ е важен. На тој начин се отстрануваат случаите во кои е само утврдено дека можеби имало неоправдана осуда. Исто така исклучени се и случаи во кои е само веројатно дека имало неоправдана осуда. Во овие две категории ќе влегува големото мнозинство на случаи во кои е дозволено поднесување на жалба по истек на рокот предвиден за тоа ... Јас сметам дека овие согледувања не одат во прилот на екстензивно толкување на изразот „судска грешка“ истакнато во корист на г-н Mullen. Тие исто го покажуваат дискутабилниот карактер на екстензивното толкување...:со тоа во целост се еродира дејството на доказите кое покажува ‘на конклузивен начин дека дошло до судска грешка’. Иако се прифаќа дека во други контексти ‘судска грешка’ може да има потесно или пошироко значење, единствениот контекст кој е релевантен, за да се утврди случај во кој била докажана невиноста, посочува кон рестриктивно толкување на тој израз.“
61. Затоа тој заклучил:
„56. ... автономното значење на зборовите ‘судска грешка’ се однесува само на ‘очигледни случаи на судска грешка, во смисла на тоа дека ќе има потврда дека засегнатото лице било очигледно невино’, како што е кажано во Објаснувачкиот извештај [кон Протокол бр. 7]. Тоа е меѓународното значење кое Парламентот го прифатил кога го вовел член 133 од Законот од 1988 година.“
62. Затоа што г-н Mullen не бил невин за делото за кое бил осуден, тој немал право на надомест на штета согласно член 133.
(б) Судска толкување на изразот „судска грешка“ после завршувањето на постапката за надомест на штета во случајот на жалителката
63. Во случајот R (Adams) v Secretary of State for Justice [2011] UKSC 18, Врховниот суд, заседавајќи во совет од девет судии, требаше повторно да го анализира значењето на изразот „судска грешка“ во член 133 од Законот од 1988 година. Судиите искажаа различни мислења во однос на правилното толкување на тој израз.
III. РЕЛЕВАНТНИ МЕЃУНАРОДНО-ПРАВНИ ИНСТРУМЕНТИ И ПРАКСА
A. Меѓународен пакт за граѓански и политички права од 1966 година
64. Член 14, став 2 од МПГПП предвидува дека:
„Секој кој е обвинет за кривично дело има право да биде сметан за невин се додека неговата вина не се докаже врз основа на закон. “
65. Член 14, став 6 предвидува:
“Кога некое лице е осудено за кривично дело со правосилна пресуда и подоцна таа пресуда е укината или кога е дадено помилување поради тоа што некој нов или новооткриен факт докажува дека дошло до судска грешка, лицето кое ја издржало казната на основа на таа пресуда ќе биде обештетено во согласност со законот, ако не се докаже дека тоа е целосно или делумно виновно за неоткривањето на непознатиот факт на време.“
66. Комитетот за човекови права на ООН го има анализирано дејството на релеваните членови на МПГПП. Во W.J.H. против Холандија, жалба бр.. 408/1990 [1992] UNHRC 25, каде жалителот тврдел дека имало повреда на член 14, став 2 и став 6 откако му било одбиено барањето за надомест на штета после ослободување од обвинение, Комитетот забележал дека член 14, став 2 се применувал само на кривичната постапка, а не и на постапката за надомест на штета. Тој исто така заклучил дека условите наведени во член 14, став 6 не биле исполнети.
67. Во неговиот Генерален коментар бр. 32 за член 14, објавен на 23 август 2007 година, Комитетот за човекови права на ООН во однос на презумпцијата на невиност кажал:
„30. Според член 14, став 2 секој кој бил обвинет за кривично дело имал право да се смета за невин додека неговата вина не се докаже во согласност со закон. Презумпцијата на невиност, којашто е од фундаментално значење за заштитата на човековите права, на обвинителството му го наметнува товарот да го докаже обвинението, гарантира дека не може да се претпостави никаква вина сѐ додека не се докаже обвинението надвор од разумно сомневање, гарантира дека во отсуство на cvrsti докази за спротивното ќе се одлучи во полза на обвинетиот [benefit of doubt], и наложува дека со лицата обвинети за кривично дело мора да се постапува во согласност со овој принцип. Должност на сите државни органи е да се воздржат од влијаење врз исходот на постапката, на пример, преку воздржување од давање на јавни изјави со кои се потврдува вината на обвинетиот. Обвинетите вообичаено не треба да бидат со лисици или во кафези во текот на судењетo или да бидат претставени пред судот да на друг начин кој сугерира дека тие се можеби опасни криминалци. Медиумите треба да избегнуваат известување за случаите со вести со кои се доведува во прашање презумпцијата на невиност. Понатаму, должината на притворот пред судење не треба никогаш да се земе како индикација за вина и за степенот на вина. Одбивањето на ослободување со гаранција или утврдувањето на одговорност во граѓанска постапка не влијае врз презумпцијата на невиност.“ (фуснотите се изоставени).
68. Во врска со правото на надомест на штета за судска грешка, Комитетот, во делот кој е релевантен, кажал:
„53. Оваа гаранција не се применува ако се докаже дека неоткривањето на такви суштински факти на време е во целост или делумно по вина на обвинетиот; во тие случаи, товарот на докажување е на државата. Понатаму, не следува надомест на штета кога осудата е укината е по жалба, што значи, пред пресудата да стане правосилна, или со помилување кое е поради хумани причини или со дискреционен карактер, или дадено поради правичност, но без да се подразбира дека дошло до судска грешка.“
Б. Член 3 од Протокол бр. 7 од Конвенцијата
69. Член 3 од Протокол бр. 7 гласи:
“Кога некое лице, со правосилна одлука, е осудено за кривично дело и кога подоцна таа осуда ќе се укине или тоа ќе биде помилувано по основ на нови или дололнително утврдени факти, кои убедливо покажуваат дека тука се работело за судска грешка, лицето кое ја издржувало казната како последица на таквата пресуда треба да добие обештетување во согласност со законот или практиката на државата за која станува збор, ако не се докаже дека самото тоа лице потполно или делумно е виновно што тие непознати факти не се откриле на време.“
70. Обединетото Кралство го нема ниту потпишано ниту ратификувано Протоколот бр. 7.
71. Објаснувачкиот извештај за Протокол бр. 7 бил подготвен од Управувачкиот комитет за човекови права [Steering Committee for Human Rights] и поднесен до Комитетот на министри на Советот на Европа. На самиот почеток во него се објаснува дека самиот извештај:
„... не претставува инструмент кој дава автентично толкување на текстот на Протоколот, иако може да биде од таков карактер да со него се олеснува разбирањето на одредбите кои се содржани во тој Протокол.“
72. Во однос на член 3 од Протокол бр. 7, помеѓу другото, во извештајот се воочува:
„23. Второ, членот се применува само кога осудата на лицето била укината или кога тоа било помилувано, и во двата случаја затоа што нов или новооткриен факт убедливо покажува дека дошло до судска грешка – што значи, некаков сериозен пропуст во судската постапка кој имал сериозни штетни последици врз осуденото лице. Затоа, согласно овој член нема обврска да се плати надомест на штета, ако осудата била укината или ако било дадено помилување поради некоја друга причина ...
...
25. Во сите случаи во кои се исполнети овие предуслови, надомест на штета се плаќа “во согласност со законот или практиката на засегнатата држава’. Тоа не значи дека не треба да се плати надомест ако во законот или практиката не е предвиден таков надомест. Тоа значи дека законот или практиката на државата треба да предвидуваат надомест на штета во сите случаи за кои важи тој член. Намерата е државите да бидат обврзани да им платат надомест на лицата само во јасни случаи на судска грешка, во смисла на тоа дека ќе има потврда дека засегнатото лице било очигледно невино. Овој член не е предвиден за да даде право на надомест на штета кога не се исполнети сите предуслови, на пример, кога апелационен суд ја укинал осудата затоа што открил некој факт кој предизвикал разумно сомневање во вината на обвинетиот и кој бил занемарен од судијата на првостепениот суд.“
В. Право и практика на државите членки во врска со постапки за надомест на штета иницирани после запирање на кривична постапка или после ослободителна пресуда
73. Според информациите со кои располага Судот, нема единствен пристап во однос на правото и практиката за постапки за надомест на штета после запирање на кривичната постапка или после ослободителна пресуда во триесет и шесте држави членки кои беа анализирани. Некои држави применуваат повеќе од еден систем за надомест на штета, системи кои се однесуваат на различни видови на обештетување.
74. Процедурите за барање на надомест се многу различни во анализираните држави. Во десет држави, важечките постапки за надомест на штета се чини дека се директно поврзани со кривичната постапка, а трибуналот кој одлучувал по кривичното обвинение има надлежност да го оцени и барањето за надомест на штета кога дошло до ослободување од обвинение во оригиналната кривична постапка (Германија, Русија и Украина), или да одлучи за укинување на осудата после повторување на постапката (Белгија, Франција, Германија, Грција, Италија, Луксембург, Монако и Швајцарија).
75. Во триесет држави, важечката постапка за надомест на штета е независна од кривичната постапка (Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Република Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Унгарија, Ирска, Литванија, Луксембург, Малта, Молдова, Монако, Црна Гора, Норвешка, Полска, Романија, Русија, Србија, Шпанија, Словачка, Словенија, Шведска, Поранешната Југословенска Република Македонија, Турција и Украина). Во овие држави, може да се поднесе барање за надомест на штета до надлежни министерства или функционери (во Австрија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Република Чешка, Данска, Естонија, Финска, Ирска, Луксембург, Монако, Црна Гора, Србија, Словачка, Словенија и Шпанија и Поранешната Југословенска Република Македонија), до граѓанските или управни судови (во Албанија, Бугарија, Франција, Унгарија, Литванија, Молдова, Норвешка, Романија, Русија, Шведска и Украина); или до кривичните судови, но пред други судии, а не пред оние кои веќе одлучувале во кривичната постапка против лицето кое сега е барател за надомест на штета (во Полска и Турција). Во речиси сите држави кои беа предмет на анализа постојат временски рокови, со кои се поврзува поднесувањето на барањето за надомест на штета со завршувањето на кривичната постапка. Единствените исклучоци се Ирска и Малта.
76. Големото мнозинство од анализираните држави имаат системи за надомест на штета кои се далеку пошироки од системот кој се применува во Обединетото Кралство. Во многу од анализираните држави, надоместот на штета е во суштина автоматски по утврдувањето на невиност, укинувањето на осудата или запирањето на кривичната постапка (на пример, во Бугарија, Хрватска, Република Чешка, Данска, Финска, Германија, Црна Гора, Поранешната Југословенска Република Македонија, Романија, Турција и Украина).
77. Има многу малку докази од практиката на државите договорнички која се однесува на надомест на штета и кои се релевантни за толкувањето на изразот „судска грешка“.
ПРАВО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 6, СТАВ 2 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
78. Жалителката се жалеше дека причините дадени за одбивањето на нејзиното барање за надомест на штета ја повредувале презумпцијата на невиност. Таа се повика на член 6, став 2 од Конвенцијата, кој гласи:
„Секој кој е обвинет за кривично дело се смета за невин сé додека неговата вина не се докаже во согласност со закон.“
79. Владата го оспори тој аргумент.
A. Опсег на жалбениот навод
80. Жалителката прифати дека одбивањето на барањето за надомест на штета само по себе не доведувало до прашање по член 6, став 2 затоа што од него не можело да се изведе никаков заклучок за ставот на државата за нејзината вина или невиност. Нејзиниот жалбен навод бил дека одбивањето на Високиот суд и Апелациониот суд во нејзиниот случај се засновало на причини кои предизвикувале сомнежи за нејзината невиност.
81. Владата нагласи дека согласно член 6, став 2 не постоело општо право на надомест на штета после ослободителна пресуда само затоа што поединците, како последица на ослободувањето, се сметале за невини за обвиненијата кои претходно биле подигнати против нив. На зборовите во член 133 од Законот од 1988 година не требало да им се даде екстензивно толкување засновано на премисата дека би било корисно надомест на штета да се плати на што е можно поголема група на ослободени лица.
82. Судот повторува дека член 6, став 2 не му гарантира на лицето обвинето за кривично дело, право на надомест на штета за незаконит притвор пред судење или за трошоци на постапката кога таа била покасно запрена или кога ќе заврши со ослободување (види, помеѓу многу други прецеденти, Englert против Германија, 25 август 1987 година, параграф 36, Серија A бр. 123; Sekanina, цитиран погоре, параграф 25; Capeau против Белгија, бр. 42914/98, параграф 23, ECHR 2005‑I; Yassar Hussain против Обединетото Кралство, бр. 8866/04, параграф 20, ECHR 2006‑III; и Tendam против Шпанија, бр. 25720/05, параграф 36, 13 јули 2010 година). Исто така, тој член не му гарантира на лицето кое било ослободено од обвинение за кривично дело, право на надомест на штета за судска грешка од било кој вид.
83. Прашањето кое Судот треба да го одговори не е дали одбивањето на барањето за надомест на штета како такво го повредило правото на жалителката на презумпција на невиност. Разгледувањето на жалбениот навод од страна на Судот е насочено кон тоа дали одлуката за одбивање на барањето за надомест на штета во случајот на жалителката, вклучително и образложението на таа одлука како и зборовите кои биле употребени, се во согласност со презумпцијата на невиност гарантирана со член 6, став 2.
Б. Допуштеност
1. Аргументи на странките
(a) Владата
84. Според Владата, член 6, став 2 се применувал само за лицата обвинети за кривично дело. Владата тврдеше дека дури и со екстензивното толкување на поимот „кривична постапка“ кое го користи Судот, постапката за надомест на штета за која станува збор во овој случај не влегувала во рамките на тоа толкување.
85. Прво, Владата забележа дека немало судска пракса на Судот во која се кажувало дека член 6, став 2 се однесувал на оцена на тоа дали барањето за надомест на штета ги исполнува критериумите содржани во член 3 од Протокол бр. 7. Всушност, таа тврдеше дека во пресудата во Sekanina, цитирана погоре, параграф 25, Судот одлучил дека член 6, став 2 не се однесувал на таква постапка. Таа тврдеше дека тој пристап бил во согланост со пристапот на Комитетот за човекови права на ООН во случајот W.J.H. против Холандија (види параграф 66 погоре). Одбивањето на барање за надомест на штета поради неисполнување на законските услови не можело да биде некомпатбилно со член 6, став 2; спротивниот заклучок би ги направил бесмислени критериумите и ограничувањата содржани во член 14, став 6 од МПГПП и член 3 од Протокол бр. 7.
86. Второ, иако Владата прифати дека било одлучено дека член 6, став 2 се применува за определени видови на постапки за надомест на штета, според неа тоа било така само кога постоела блиска врска со претходната кривична постапка којашто била причина за барањето за надомест на штета. Во овој случај, напротив, одлуката за надомест на штета била различна и одвоена од одлуката за укинување на кривичната осуда, затоа што генерално била донесувана од управата, а не од судството; таа била донесена во управна, а не во кривична постапка; можела да биде заснована на различни докази, кои не биле анализирани при самото судење; таа од временски аспект била далечна, затоа што барањето за надомест на штета можело да се поднесе до две години после укинувањето на осудата; и таа била донесена и соопштена на барателот на доверлив начин. Иако оцената на тоа дали било убедливо докажано дека дошло до судска грешка, како што бара член 133 од Законот од 1988 година, подразбирала определена процена на доказите кои довеле до осудата, тој процес според Владата не инволвирал било каква повреда на презумпцијата на невиноста и не го доведувал во прашање ослободувањето од обвинение.
87. Владата затоа го повика Судот да заклучи дека презумпцијата на невиност воопшто немала примена во контекст на одлуки донесени согласно член 133 од Законот од 1988 година и, како последица на тоа, да ја прогласи жалбата за недопуштена.
(б) Жалителката
88. Жалителката нагласи дека имало значителен број на пресуди донесени од овој Суд во кој се одлучило дека член 6, став 2 се применувал кога се оценувало дали лицето исполнува услови за да му биде доделен надомест на штета после ослободителна пресуда (цитирајќи ги, помеѓу другото, Rushiti и Hammern, цитирани погоре; и Puig Panella против Шпанија, бр. 1483/02, 25 април 2006 година). Иако во некои случаи кои се однесувале на граѓанска постапка за надомест на штета Судот одлучил дека член 6, став не се применува, жалителката нагласи дека во тие случаи, судовите биле должни да ја оценат граѓанска одговорност; додека пак член 133 наложувал тие да ги оценат причините за ослободување на лицето како и што тоа ослободување говорело за кривичната одговорност. Понатаму, додека во граѓанска постапка морало да се воспостави рамнотежа со правата на трети страни, таква рамнотежа не била релевантна во овој случај, затоа што државата била таа којашто била одговорна за плаќањето на надомест. Во секој случај, Судот имал најдено дека член 6, став 2 се применува дури и на случаи кои се однесуваат на граѓанска постапка која резултирала до тоа да невиноста на жалителот била доведена во прашање (цитирајќи го Orr против Норвешка, бр. 31283/04, 15 мај 2008 година).
89. Жалителката го оспори аргументот дека член 6, став 2 се применувал само кога имало блиска врска со кривична постапка. Таа посочи кон заклучокот на Судот во случајот Šikić против Хрватска, бр. 9143/08, параграф 47, 15 јули 2010 година и Vanjak против Хрватска, бр. 29889/04, параграф 41, 14 јануари 2010 година, во насока на тоа дека кога кривичната постапка била запрена, презумпцијата на невиност морала да биде почитувана во „секоја друга постапка од било каков карактер“. Таа истакна дека тоа мора да важи во случаи на ослободителна пресуда, каде заштитата обезбедена со член 6, став 2 била уште посилна.
90. Во секој случај, жалителката истакна дека доделувањето на надомест на штета согласно член 133 било очигледно тесно повразно со кривичната постапка која довела до укинување на осудата Таа истакна дека било очигледно од член 133 како и од пресудата на Врховниот суд во R (Adams) (види параграф 63 погоре) дека клучното прашање во постапката за надомест на штета била конкретната причина поради која осудата била укината, и дека одлуката за надомест на штета барала од оној кој ја донесува, да ја анализира пресудата на Апелациониот суд со која се укинува осудата. Според неа одбивањето на барањето за надомест на штета од причини утврдени во пресудата во R (Adams) доведувало до прашања за тоа дали државата прифатила дека лицето кое бара надомест е навистина невино. Тоа само по себе било доволно за член 6, став 2 да биде применлив.
91. На крај, жалителката тврдеше дека не можело да биде точно дека член 6, став 2 не се применувал на системи за надомест на штета воведени според член 14, став 6 од МПГПП и член 3 од Протокол бр. 7, а дека се применувал на сите други форми на надомест на штета после ослободување. Според неа немало ниту една логичка причина за да се прави таква разлика.
2. Оцена на Судот
(a) Генерални принципи
(i) Вовед
92. Намената и целта на Конвенцијата, како инструмент за заштита на човечките суштества, наложуваат нејзините одредби да се толкуваат и да се применуваат на начин да нејзините гаранции бидат конкретни и ефективни (види, помеѓу другото, Soering против Обединетото Кралство, 7 јули 1989 година, параграф 87, Серија A бр. 161; и Al‑Skeini и други против Обединетото Кралство [ГСC],бр. 55721/07, параграф 162, ECHR 2011). Судот има изречно кажано дека тоа важи за правото заштитено со член 6, став 2 (види, на пример, Allenet de Ribemont против Франција, 10 февруари 1995 година, параграф 35, Серија A nбр. 308; и Capeau, цитиран погоре, параграф 21).
93. Член 6, став 2 го штити „правото лицето да се смета за невино сѐ додека вината не се докаже во согласност со закон“. Погледната како процедурална гаранција во контекст на самата кривична постапка, презумпцијата на невиност наложува услови во однос на, помеѓу другото, товарот на докажување (види Barberà, Messegué и Jabardo против Шпанија, 6 декември 1988 година, параграф 77, Серија A бр. 146; и Telfner против Австрија, бр. 33501/96, параграф 15, 20 март 2001 година); претпоставки на факти и право (види Salabiaku против Франција, 7 октомври 1988 година, параграф 28, Серија A бр. 141‑A; и Radio France и други против Франција, бр. 53984/00, параграф 24, ECHR 2004‑II); привилегијата да не се придонесува кон сопствена инкриминација [the privilege against self-incrimination] (види Saunders против Обединетото Кралство, 17 декември 1996 година, параграф 68, Збирки на пресуди и одлуки 1996‑VI; и Heaney и McGuinness против Ирска, бр. 34720/97, параграф 40, ECHR 2000‑XII); публицитетот кој му се дава на случајот пред започнување на судењето (види Akay против Турција. (одлука), бр. 34501/97, 19 февруари 2002 година; и G.C.P. против Романија, бр. 20899/03, параграф 46, 20 декември 2011 година); и предвремените изразувања, од страна на првостепениот суд или други јавни функционери, на вина на обвинетиот (види Allenet de Ribemont, цитиран погоре, параграфи 35-36; и Nešťák против Словачка, бр. 65559/01, параграф 88, 27 февруари 2007 година).
94. Сепак, во согласност со потребата да се осигура дека правото гарантирано со член 6, став 2 е конкретно и ефективно, презумпцијата на невиност исто така има и еден друг аспект. Нејзината генерална цел, во тој втор аспект, е да спречи лицата кои биле ослободени од обвинение, или во однос на кои кривичната постапка била запрена, да бидат третирани од страна на функционери и државни органи како да се всушност виновни за кривичното дело за кои биле обвинети. Во тие случаи, презумпцијата на невиност веќе еднаш дејствувала, преку примената на различни услови кои се неделиви од процедуралната гаранција која ја обезбедува во текот на кривичната постапка, за спречување на неправична осуда. Без заштитата со која се осигурува почитување на одлуката за ослободување или за запирање на кривичната постапка, во секој друга постапка која се води после таа постапка, постои ризик гаранциите за правично судење на член 6, став 2 да станат теоретски и илузорни. Штом заврши кривичната постапка она што е исто така во игра е угледот на личноста и начинот на кој јавноста гледа на тоа лице. Во определен степен, заштитата обезбедена со член 6, став 2 во овој поглед може да се поклопи со заштитата обезбедена со член 8 (види, на пример, Zollman против Обединетото Кралство (одлука), бр. 62902/00, ECHR 2003-XII; Taliadorou и Stylianou против Кипар,бр. 39627/05 и 39631/05, параграфи 27 и 56-59, 16 октомври 2008 година).
(ii) Применливост на член 6, став 2
95. Како што е изречно кажано во текстот на самиот член, член 6, став 2 се применува кога некое лице е „обвинето за кривично дело“. Судот повеќе пати има нагласувано дека тоа е автономен концепт и дека тој мора да се толкува според трите критериуми кои се наведени во неговата судска пракса, имено како е класификувана постапката во домашниот закон; суштинскиот карактер на постапката, и степенот и тежината на потенцијалната казна (види, помеѓу многу други прецеденти во врска со концептот „кривично обвинение“, Engel и други против Холандија, 8 јуни 1976 година, параграф 82, Серија А бр.22; и Phillips против Обединетото Кралство, бр. 41087/98, параграф 31, ECHR 2001‑VII). За да се анализира било каков жалбен навод заснован на член 6, став 2 кој се јавува во контекст на судска постапка, најпрво е потребно да се утврди дали во оспорената постапка имало одлучување по кривично обвиниение, како што тој поим се сфаќа во судската пракса на Судот
96. Сепак, во случаи во кои е инволвиран вториот аспект на заштитата која ја обезбедува член 6, став 2, кој се појавува откако завршува кривичната постапка, јасно е дека примената не претходниот критериум е несоодветна. Во овие случаи кривичната постапка морала да заврши и освен ако следната судска постапка доведе до ново кривично обвинение согласно автономното значење на тој поим според Конвенцијата, ако се примени член 6, став 2, тоа мора да биде сторено по друг основ.
97. Странките не сугерираа дека во постапката за надомест на штета иницирана од жалителката се работело за „кривично обвинение“ согласно автономното значење на тој поим во Конвенцијата. Затоа во овој случај во игра е вториот аспект на заштитата која ја обезбедува член 6, став 2; и затоа Судот ќе испита на кој начин тој во своите одлуки пристапувал кон применливоста на член 6, став 2 во судски постапки иницирани после завршувањето на кривичната постапка против жалителот.
98. Од Судот во минатото било побарано да одлучи за примената на член 6, став 2 врз судски одлуки донесени после завршувањето на кривичната постапка, кое било или со запирање на постапката или после ослободување од обвинение, и тоа во постапки кои се однесувале, помеѓу другото, на:
(a) обврската на лицето кое порано било обвинето да ги надомести судските трошоци и трошоците на обвинителството (види Minelli против Швајцарија, 25 март 1983 година, параграфи 30-32, Серија A бр. 62; и McHugo против Швајцарија (одлука), бр. 55705/00, 12 мај 2005 година);
(б) барањето на лицето кое порано било обвинето за надомест на штета за притвор пред судење или за други непогодности предизвикани со кривичната постапка (види Englert, цитиран погоре, параграф 35; Nölkenbockhoff против Германија, 25 август 1987 година, параграф 35, Серија A бр. 123; Sekanina, цитиран погоре, параграф 22; Rushiti, цитиран погоре, параграф 27; Mulaj и Sallahi против Австрија (одлука). бр. 48886/99, 27 јуни 2002 година; O., цитиран погоре, параграфи 33-38; Hammern, цитиран погоре, параграфи 41-46; Baars против Холандија, бр. 44320/98, параграф 21, 28 октомври 2003 година; Capeau против Белгија (одлука), бр. 42914/98, 6 април 2004 година; Del Latte против Холандија, бр. 44760/98, параграф 30, 9 ноември 2004 година; A.L. против Германија, бр. 72758/01, параграфи 31-33, 28 април 2005 година; Puig Panella, цитиран погоре, параграф 50; Tendam, цитиран погоре, параграфи 31 и 36; Bok против Холандија, бр. 45482/06, параграфи 37-48, 18 јануари 2011 година; и Lorenzetti против Италија, бр. 32075/09, параграф 43, 10 април 2012 година);
(в) барање на лицето кое порано било обвинето за надомест на трошоците на одбраната (види Lutz против Германија, 25 август 1987 година, параграфи 56-57, Серија А бр. 123; Leutscher против Холандија, 26 март 1996 година, параграф 29, Збрики 1996‑II; Yassar Hussain, цитиран погоре, параграф 19; и Ashendon и Jones против Обединетото Кралство, бр. 35730/07 и 4285/08, параграфи 42 и 49, 15 декември 2011 година);
(г) Барање на лицето кое порано било обвинето за надомест на штета предизвикана со незаконита или неправилна истрага или обвинение (види Panteleyenko против Украина, бр. 11901/02, параграф 67, 29 јуни 2006 година; и Grabchuk против Украина, бр. 8599/02, параграф 42, 21 септември 2006 година);
(д) утврдувањето на граѓанска одговорност за исплата на надомест на штета на жртвата (види Ringvold против Норвешка, бр. 34964/97, параграф 36, ECHR 2003‑II; Y. против Норвешка, бр. 56568/00, параграф 39, ECHR 2003‑II; Orr, цитиран погоре, параграфи 47-49; Erkol против Турција, бр. 50172/06, параграфи 33 и 37, 19 април 2011 година; Vulakh и други против Русија, бр. 33468/03, параграф 32, 10 јануари 2012 година; Diacenco против Романија, бр. 124/04, параграф 55, 7 февруари 2012 година; Lagardère против Франција, бр. 18851/07, параграфи 73 и 76, 12 април 2012 година; и Constantin Florea против Романија, бр. 21534/05, параграфи 50 и 52, 19 јуни 2012 година);
(ѓ) одбивањето на граѓански тужби поднесени од страна на жалителот против осигурителна компанија (види Lundkvist против Шведска (одлука),бр. 48518/99, ECHR 2003-XI; и Reeves против Норвешка (одлука), бр. 4248/02, 8 јули 2004 година);
(е) одржувањето во сила на одлука за доверување на дете на чување, откако обвинителството одлучило да не подигне обвинение против родителот за злоупотреба на дете (види O.L. против Финска (одлука), бр. 61110/00, 5 јули 2005 година);
(ж) дисциплински прашања или прашања поврзани со отпуштање од работа (види Moullet против Франција (одлука), бр. 27521/04, 13 септември 2007 година; Taliadorou и Stylianou, цитиран погоре, параграф 25; Šikić, цитиран погоре, параграфи 42-47; и Çelik (Bozkurt) против Турција, бр. 34388/05, параграф 34, 12 април l 2011 година); и
(з) отповикување на правото на жалителот на социјален стан (види Vassilios Stavropoulos против Грција, бр. 35522/04, параграфи 28-32, 27 септември 2007 година).
99. Во повеќе од овие случаи, Судот одлучил дека член 6, став 2 е применлив. Објаснувајќи зошто член 6, став 2 бил применлив и покрај отсуството на кривично обвинение за кое треба да се одлучи во три од постарите случаи, Судот кажал дека одлуките за правото на жалителите на надомест на трошоци и надомест на штета биле „последица и нужно дополнување на“, „директно следеле“ после завршувањето на кривичната постапка (види Englert, цитиран погоре, параграф 35; Nölkenbockhoff, цитиран погоре, параграф 35; и Lutz, цитиран погоре, параграф 56). Исто така, во покасна низа на случаи, Судот заклучил дека австриското законодавство и пракса „ги поврзувало двете прашања – кривичната одговорност на обвинетото лице и правото на надомест на штета – до таков степен да одлуката по второто прашање можела да се смета за последица, и, во определен степен, дополнување на одлуката во врска со првото прашање“, што довело до применливост на член 6, став 2 во однос на постапката за надомест на штета (види Sekanina, цитиран погоре, параграф 22; Rushiti, цитиран погоре, параграф 27; и Weixelbraun, цитиран погоре, параграф 24).
100. Разработувајќи ја оваа идеја во следни случаи, Судот одлучил дека барањето за надомест на штета на жалителите „не само што временски следело после кривичната постапка, туку исто така било поврзано со таа постапака во законот и во праксата, и во однос на надлежност и во однос н прашањата кои требало да бидат одлучени“, на тој начин создавајќи врска помеѓу двете постапки како последица на што член 6, став 2 бил применлив (види O., цитиран погоре, параграф 38; и Hammern, цитиран погоре, параграф 46).
101. Во случаи кои се однесувале на правото на жртвата да бара надомест на штета од жалителот за којшто претходно било одлучено дека не е виновен за делото за кој бил обвинет, Судот одлучил дека кога одлуката за надомест на штета во граѓанска постапка содржела реченица со која се импутира кривична одговорност, со тоа би се создала таква врска помеѓу двете постапки, да член 6, став 2 се применувал во однос на пресудата по барањето за надомест на штета (види Ringvold, цитиран погоре, параграф 38; Y., цитиран погоре, параграф 42; и Orr, цитиран погоре, параграф 49).
102. Понеодамна, Судот го искажа ставот дека после запирањето на кривичната постапка, презумпцијата на невиност налага да се почитува фактот дека немало кривична осуда на лицето во секоја друга постапка од било кој карактер (види Vanjak, цитиран погоре, параграф 41; и Šikić, цитиран погоре, параграф 47). Судот исто така има посочено дека оперативниот дел на ослободителна пресуда мора да биде почитуван од страна на секој орган кој директно или индиректно се повикува на кривичната одговорност на засегнатото лице (види Vassilios Stavropoulos, цитиран погоре, параграф 39; Tendam, цитиран погоре, параграф 37; и Lorenzetti, цитиран погоре, параграф 46).
(iii) Заклучок
103. Овој случај се однесува на примената на презумпцијата на невиност во судска постапка која се водела после укинувањето на осудата на жалителката од страна на Апелациониот суд (кривичен отсек), што довело до ослободување на жалителката од обвинението. Со оглед на целите на член 6, став 2 кои беа дискутирани погоре (види параграфи 92-94) и пристапот кој произлегува од анализата на судската пракса, Судот би го формулирал принципот на презумпција на невиноста во овој контекст на следниот начин: презумпцијата на невиност значи дека имало кривично обвинение и дека кривичната постапка завршила со ослободување од обвиниение, лицето против кои се водела кривичната постапка е невино пред законот и мора со него да се постапува на начин кој е во согласност со таа презумпција. Затоа, во тој обем, презумпцијата на невиност ќе остане и после завршувањето на кривичната постапка со цел да се осигура дека, што се однесува на било кое обвинение кое не било докажано, невиноста на засегнатото лице е почитувана. Ова важно согледување е во основата на пристапот на Судот кон применливоста на член 6, став 2 во овие случаи.
104. Секогаш кога се поставува прашање за применливост на член 6, став 2 во контекст на постапка која се води после завршување на кривичната постапка, жалителот мора да докаже дека постои врска, каква што е спомената погоре, помеѓу завршената кривична постапка и постапката којашто се води после тоа. Таква врска веројатно е да постои, на пример, кога постапката која се води после кривичната постапка наложува анализирање на исходот од таа кривична постапка и, посебно, кога го обврзува судот да ја анализира кривичната пресуда; да ги преоценува или евалуира доказите во кривичниот предмет; да го оценува учеството на жалителот во некои или сите настани кои довеле до кривичното обвинение; или да коментира во однос на елементите кои и натаму сугерираат можна вина на жалителот.
105. Со оглед на карактерот на гаранцијата од член 6, став 2 наведена погоре, поради фактот што член 133 од Законот од 1988 година бил донесен за да се исполнат обврските на тужената држава од член 14, став 6 од МПГПП, и дека тој има речиси идентична формулација како член 14, став 6 и член 3 од Протокол бр. 7, го нема за последица тоа да оспорената постапка за надомест на штета биде надвор од опсегот на примена на член 6, став 2 како што тврдеше Владата. Двата члена се однесуваат на сосема различни аспекти на кривичниот процес; нема сугестија дека член 3 од Протокол бр. 7 требало да ја прошири примената на општите гаранции, слични на оние содржани во член 6, став 2, врз конкретна ситуација (спореди со Maaouia против Франција [ГСC],бр. 39652/98, параграфи 36-37, ECHR 2000‑X). Всушност, член 7 од Протокол бр. 7 појаснува дека одредбите од материјалните членови на Протоколот треба да се сметаат како дополнителни членови на Конвенцијата, и дека „сите одредби на Конвенцијата ќе се применуваат како последица на тоа“. Затоа не може да се каже дека член 3 од Протокол бр. 7 претставува облик на lex specialis кој ја исклучува примената на член 6, став 2.
(б) Примена на генералните принципи врз фактите на овој случај
106. Затоа што жалителката била претходно обвинета дека извршила кривично дело убиство од небрежност, презумпцијата на невиност се применувала од моментот на подигнување на обвинението. Иако заштитата која ја обезбедува презумпцијата на невиност завршила со нејзината осуда, против која жалителката не изјавила жалба, таа била повторно вратена во игра со нејзиното подоцнежно ослободување од обвинение со пресудата на Апелациониот суд (кривичен отсек) (види параграф 45 погоре).
107. Затоа задачата на судот во оваа фаза од неговата анализа е да испита дали постоела врска помеѓу завршената кривична постапка и постапката за надомест на штета, имајќи ги предвид релевантните согледувања кои беа изнесени погоре (види параграф 104 погоре). Во тој поглед, Судот забележува дека постапката по член 133 од Законот од 1988 година наложува претходно да има укинување на изречена осуда. Токму тоа укинување на осудата е она што дава право да се побара надомест за штета за судска грешка. Понатаму, за да испитаат дали биле исполнети кумулативните критериуми од член 133, Министерот и судовите во постапката за судска оцена се должни да ја земат предвид пресудата донесена од Апелациониот суд (кривичен отсек). Само преку анализа на таа пресуда тие можеле да утврдат дали укинувањето на осудата, кое довело до ослободување од обвинение во случајот на жалителката, била заснована на нови докази и дали дошло до судска грешка.
108. Судот затоа е убеден дека жалителката го докажа постоењето на потребната врска помеѓу кривичната постапка и постапката за надомест на штета која се водела после неа. Како последица на тоа, член 6, став 2 е применлив во контекст на постапката предвидена со член 133 од Законот од 1988 година за да се осигура дека во постапките кои се водат после кривичната постапка со жалителката се постапува на начин кој е во согласност со нејзината невиност. Затоа жалбениот навод не може да биде отфрлен согласно член 35, став 3 (a) oд Конвенцијата како некомпатибилен ratione materiae со одредбите на Конвенцијата.
109. Судот исто така не смета дека жалбениот навод е очигледно неоснован во смисла на член 35, став 3 (a) или недопуштен по било кој друг основ. Затоа Судот го одбива приговорот за недопуштеност истакнат од Владата и го прогласува жалбениот навод за допуштен.
В. Основаност
1. Аргументи на странките
(a) Жалителката
110. Жалителката истакна дека одбивателната одлука на Високиот суд и Апелациониот суд во нејзиниот случај биле засновани на причини кои предизвикувале сомневање во нејзината невиност. Таа го нагласи, особено, заклучокот на Високиот суд дека сѐ уште имало „убедливи докази против“ неа (види параграф 31 погоре); повикувањето на Апелациониот суд на фактот дека новите докази „би можеле, ако биле изведени пред порота, да доведат до поинаков исход на постапката“ (види параграф 33 погоре); коментарот дека Апелациониот суд „нема сомневање дека одлуката на Апелациониот суд (кривичен отсек) не значи дека повеќе немало аргументи против жалителката“ (види параграф 38 погоре); и заклучокот на Апелациониот суд дека „немало основа за да се каже дека, согласно новите докази, немало случај кој поротата треба да го разгледа“ (види параграф 39 погоре). Овие коментари морале да се анализираат од аспект на генералната позиција во однос на исполнувањето на услови за доделување на надомест на штета. Според жалителката пресудата на Апелациониот суд имплицирала дека таа би можела да биде осудена ако повторно ѝ се суди.
111. Жалителката посочи дека во повеќе пресуди на Судот било одлучено дека обврската лицето да ја докаже својата невиност го повредуа член 6, став 2 (повикувајќи се на Capeau, Puig Panella и Tendam, цитирани погоре). Таа тврдеше дека ако државата наметнувала обврска невиноста да се докаже пред надоместот на штета да може да биде исплатен, донесувањето на заклучок дека не може да се плати надомест на штета, неизбежно имплицирал дека државата се сомнева во невиноста на тоа лице.
112. На крај, жалителката се повика на судската пракса на Судот којашто покажувала дека дури и само искажување на сомнежи во врска со невиноста било некомпатибилно со член 6, став 2 во случаи кога лицето веќе било ослободено од обвинение (повикувајќи се на Sekanina, Rushiti и Diacenco, цитирани погоре). Жалителката инсистираше дека нејзиното ослободување од обвинение очигледно било мериторно, затоа што Апелациониот суд (кривичен отсек), кога ја укинувал нејзината осуда, утврдил дека осудата не била заснована на цврсти факти и докази.
113. Таа заклучи дека во постапката за надомест на штета во нејзиниот случај, судовите ја довеле во прашање нејзината невиност и го повика Судот да најде повреда на член 6, став 2.
(б) Владата
114. Владата негираше дека имало повреда на член 6, став 2 во овој случај. Член 133 од Законот од 1988 година не ја повредувал презумпцијата на невиност, затоа што не ја доведувал во прашање правилноста на одлуката за ослободување од обвинение или правото на жалителката на презумпција на невиност. Случаите на кои се повикала жалителката, како што е Rushiti, цитиран погоре, не можеле да се толкуваат на начин дека оправдуваат екстремно толкување на член 6, став 2 во насока на тоа дека штом лицето е ослободено од обвинение со него мора да се постапува како со некој кој е реално невин. Владата истакна, дека тоа толкување не би било компатибилно со член 3 од Протокол бр. 7 или со судската пракса на Судот која се однесува на компатибилноста на граѓанска постапка водена за истите факти како и кривичната (повикувајќи се на Y., цитирани погоре).
115. Владата истакна дека во претходни случаи во кои се работело за постапка за надомест на штета, вклучително и тие кои се цитирани од жалителката, она што за Судот било проблематично е тоа што одлуката со која се одбива барањето за надомест на штета била, без сомневање, заснована на претпоставена вина; затоа што употребените зборови биле повеќе од само сомневање или хипотези. За разлика од тоа, немало таков проблем генерално со одбивањето на барањето за надомест на штета поднесено по член 133 од Законот од 1988 или со конкретното одбивање во случајот на жалителката. Според Владата одбивањето на барањето за надомест на штета би било компатибилно со член 6, став 2 ако е јасно од зборовите кои се употребени дека не се импутира никаква вина на жалителот (повикувајќи се на A.L., цитиран погоре).
116. На крајот, Владата се повика на судската пракса на Судот за дејството на презумпцијата на невиност во контекст на граѓански и дисциплински постапки (цитирајќи ги пресудите во Šikić, Vanjak и Bok, цитирани погоре). Таа пракса потврдувала дека Судот имал флексибилен пристап кон опсегот на примена на презумпцијата на невиност вон кривични постапки, и дека тоа одговарало на потребата да се осигура ефикасноста на граѓанските и дисциплиските постапки.
117. Владата заклучи дека немало ништо во домашните пресуди што го доведува во прашање или создава сомнежи за ослободувањето на жалителката. Затоа во овој случај немало повреда на член 6, став 2.
2. Оцена на Судот
118. Судот забележува дека овој случај не се однесува на усогласеноста на системот за надомест на штета воведен со член 133 од Законот од 1998 година со член 3 од Протокол бр. 7, кој протокол тужената држава го нема ратификувано (види параграф 70 погоре). Затоа овој Суд не треба да оцени дали тој член бил почитуван, ниту пак е негова задача да го оцени толкувањето на тужената држава на изразот „судска грешка“ кој стои во тој член, освен ако тоа толкување може да се каже дека е некомпатибилно со презумпцијата на невиност заштитена со член 6, став 2.
119. Како што беше објаснето погоре, штом е утврдено дека постои врска помеѓу кривичната постапка и постапката за надомест на штета, Судот мора да утврди дали била почитувана презумпцијата на невиност во сите околности на случајот. Затоа, соодветно е да се започне со анализа на пристапот на Судот употребен при донесувањето на негови мериторни одлуки во слични случаи.
(a) Пристап на Судот во претходни слични случаи
120. Во постариот случај Minelli, цитиран погоре, кој се однесува на решение со кое му се наложува на жалителот да ги плати трошоците на обвинителството после запирањето на кривичната постапка, Судот ги навел применливите принципи на следниот начин:
„37. Според Судот, презумпцијата на невиност ќе биде повредена ако, без претходно да се докаже вината на обвинетото лице во согласност со закон и, особено, без тоа да има прилика да ги употреби своите права на одбрана, во судска одлука која се однесува на него се изразува мислење дека тоа е виновно. Таков е случајот дури и кога нема било каков формален заклучок, доволно е даденото образложение да сугерира дека судот го смета обвинетиот за виновен.“
121. Во првите случаи во кои се однесувале на барање на лице кое порано било обвинето за надомест на трошоци на одбраната, Судот ги разработил принципите наведени во пресудата во Minelli, објаснувајќи дека одлука со која барањата за надомест на штета за незаконит притвор пред судење и за надомест на трошоците на обвинетиот се одбиени после завршување на кривичната постапка може да доведе до прашање по член 6, став 2, ако причините со кои тоа одбивање е образложено во суштина претставуваат утврдување на вина на обвинетиот без таа вина претходно да биде докажана во согласност со закон и, особено, без тој да има прилика да ги искористи своите права на одбрана (види Englert, цитиран погоре, параграф 37; Nölkenbockhoff, цитиран погоре, параграф 37; и Lutz, цитиран погоре, параграф 60). Сите три случаи се однесувале на кривична постапка која што претходно завршила со решение за запирање, а не со ослободување од обвинение. Утврдувајќи повреда на член 6, став 2, Судот објаснил дека домашните судови опишале „состојба на сомневање“ и дека нивните одлуки не содржеле било каков заклучок за постоење на вина.
122. Во случајот кој бил одлучен покасно, Sekanina, Судот направил разлика помеѓу случаи во кои кривичната постапка била запрена и случаи во кои била донесена правосилна ослободителна пресуда, појаснувајќи дека искажувањето на сомневање во врска со вината на обвинетиот можело да се дозволи сѐ додека завршувањето на постапката не довело до мериторна одлука за обвинението,, но дека повеќе не било допуштено повикување на такви сомневања штом ослободувањето станело правосилно (цитирано погоре, параграф 30). Tака, принципите од пресудата во случајот Sekanina се чини дека го лимитираат принципот утврден во пресудата во случајот Minelli на случаи во кои кривичната постапка била запрена. Судската пракса покажува дека во поновите случаи, принципот од Minelli постојано бил цитиран како генерален принцип (види Leutscher, цитиран погоре, параграф 29; Mulaj и Sallahi, цитиран погоре; Baars, цитиран погоре, параграфи 26-27; Capeau, цитиран погоре, параграф 22; A.L., цитиран погоре, параграф 31; Panteleyenko, цитиран погоре, параграф 67; и Grabchuk, цитиран погоре, параграф 42). Разликата која во пресудата Sekanina се прави помеѓу случаи во кои кривичната постапка била запрена и случаи во кои дошло до ослободителна пресуда била применета во повеќето случаи кои се однесуваат на ослободителни пресуди, а кои биле одлучени после Sekanina (види, на пример, Rushiti, цитиран погоре, параграф 31; Lamanna против Австрија, бр. 28923/95, параграф 38, 10 јули 2001 година; Weixelbraun, цитиран погоре, параграф 25; O., цитиран погоре, параграф 39; Hammern, цитиран погоре, параграф 47; Yassar Hussain, цитиран погоре, параграфи 19 и 23; Tendam, цитиран погоре, параграфи 36-41; Ashendon и Jones, цитиран погоре, параграфи 42 и 49; и Lorenzetti, цитиран погоре, параграфи 44-47; но, спореди со Del Latte и Bok, цитирани погоре).
123. Во случаи во кои станувало збор за барања за надомест на штета поднесени од жртвите, без оглед на тоа дали кривичната постапка завршила со решение за запирање или за ослободување од обвинение, Судот нагласувал дека иако ослободувањето од кривична одговорност треба да биде почитувано во граѓанска постапка за надомест на штета, со тоа не треба да биде забрането утврдувањето на граѓанска одговорност за штета која настанува од истите факти со примена на товар на докажување кој не е толку строг како оној кој се применува во кривична постапка. Сепак, ако домашната одлука по барањето за надомест на штета содржи реченица со која се импутира кривична одговорност на тужената страна, тоа би довело до прашање кое влегува во досегот на примена на член 6, став 2 од Конвенцијата (види Ringvold, цитиран погоре, параграф 38; Y., цитиран погоре, параграфи 41-42; Orr, цитиран погоре, параграфи 49 и 51; и Diacenco, цитиран погоре, параграфи 59-60). Овој пристап исто така бил применет во случаи кои се однесуваат на граѓански тужби поднесени од жалителите против осигурителни компании (види Lundkvist и Reeves, цитирани погоре).
124. Во случаи кои се однесуваат на дисциплинска постапка, Судот прифатил дека нема автоматска повреда на член 6, став 2 кога жалителот бил прогласен за виновен за дисциплински престап врз основа на истите факти врз кои кривичното обвинение подигнато претходно не довело до осуда. Судот нагласил дела дисциплинските органи биле овластени, и можеле независно да ги утврдуваат фактите на случајот и дека суштинските обележја на кривичните и дисциплинските престапи не биле идентични (види Vanjak, цитиран погоре, параграфи 69-72; и Šikić, цитиран погоре, параграфи 54‑56).
125. Произлегува од горната анализа на судската пракса на Судот која се однесува на член 6, став 2 дека нема единствен пристап кон утврдувањето на околностите во кои тој член би бил повреден во контекст на постапка којашто се води после завршувањето на кривичната постапка. Како што покажува судската пракса на Судот, многу работи ќе зависат од карактерот и контекстот на постапката во која била донесена оспорена одлука.
126. Во сите случаи и без разлика на пристапот кој бил применет, зборовите употребени од страна на носителот на одлуката се од клучна важност при оценувањето на компатибилноста на одлуката и образложението на таа одлука со член 6, став 2 (види, на пример, Y., цитиран погоре, параграфи 43-46; O., цитиран погоре, параграфи 39-40; Hammern, цитиран погоре, параграфи 47-48; Baars, цитиран погоре, параграфи 29-31; Reeves, цитиран погор; Panteleyenko, цитиран погоре, параграф 70; Grabchuk, цитиран погоре, параграф 45; и Konstas против Грција, бр. 53466/07, параграф 34, 24 мај 2011 година). Така, во случај во кој домашниот суд одлучил дека било „многу веројатно“ дека жалителот “ги извршил кривичните дела ... за кои бил обвинет“, Судот утврдил дека со тоа биле пречекорени границите на надлежност на граѓански суд и со тоа тој предизвикал сомневање во врска со правилноста на ослободителната пресуда (види Y., параграф цитиран погоре, параграф 46; види исто така Orr, цитиран погоре, параграф 51; и Diacenco, цитиран погоре, параграф 64). Исто така, кога домашниот суд посочил дека досието од кривичната постапка содржело доволно докази за да се заклучи дека кривичнотот дело било извршено, било заклучено дека зборовите кои биле употребени за тоа да се каже ја повредувале презумпцијата на невиност (види Panteleyenko, цитиран погоре, параграф 70). Во случаи во кои пресудата на Судот изречно упатува на непреземањето на напори да се отфрлат сомневањата за кривична вина, била утврдена повреда на член 6, став 2 (види, на пример, Sekanina, цитиран погоре, параграфи 29-30; и Rushiti, цитиран погоре, параграфи 30-31). Сепак, кога ќе се земе предвид карактерот и контекстот на конкретната постапка, дури и несмасната формулација на некои од употребените зборови може да не биде од одлучувачко значење (види параграф 125 погоре). Судската пракса на Судот дава некои примери на случаи во кои не била утврдена повреда на член 6, став 2 иако зборовите кои ги употребиле домашните органи и судови биле предмет на критика (види Reeves, (види параграф цитиран погоре и A.L., цитиран погоре, параграфи 38-39).
(б) Дали било почитувано правото на жалителката на презумпција на невиноста
127. Релевантно за севкупниот контекст на овој случај е дека осудата на жалителката била укината од страна на Апелациониот суд (кривичен отсек) од причина што „не била заснована на цврсти докази“ во смисла на тоа дека новите докази би можеле да влијаат врз одлуката на поротата ако тие биле достапни при судењето (види параграф 20 погоре). Самиот Апелационен суд (кривичен отсек) не ги анализирал сите докази, во светло на новите докази, со цел да одлучи дека вината била докажана надвор од разумно сомневање. Не била донесена одлука за повторно судење затоа што жалителката веќе ја издржала нејзината казна затвор во моментот во кој осудата била укината (види параграфи 21, 26 и 34 погоре). Врз основа на член 2, став 3 од Законот за жалби во кривични предмети од 1968 година, укинувањето на осудата на жалителката резултирало во пресуда со која во казнената евиденција било внесено ослободување од обвинение (види параграф 45 погоре). Сепак, според Судот, ослободувањето на жалителката, не било „мериторно“ ослободување од обвинение во вистинска смисла на зборот (спореди со Sekanina и Rushiti, цитирани погоре, каде ослободувањето од обвинение било засновано на принципот дека секое сомневање треба да биде во полза на обвинетиот). Во таа смисла, иако формално е со ослободување, завршувањето на кривична постапка против жалителката може да се смета дека е послично со случаи во кои кривичната постапка била запрена (види, на пример, Englert, Nölkenbockhoff, Lutz, Mulaj и Sallahi, цитирани погоре; Roatis против Австрија (одлука), бр. 61903/00, 27 јуни 2002 година; и Fellner против Австрија (одлука), бр. 64077/00, 10 октомври 2002 година).
128. Важно е исто така да се обрне внимание на фактот дека член 133 од Законот од 1988 година наложувал да бидат исполнети определени критериуми за да дојде до право на надомест на штета. Накусо кажано, тие критериуми биле дека, барателката претходно била осудена; дека како последица на тоа морала да издржува казна; дека било дозволено поднесување на жалба по истек на предвидениот рок; и дека причина за усвојување на жалбата бил нов факт кој надвор од разумно сомневање докажувал дека дошло до судска грешка. Овие критериуми, со само минимални јазични разлики, се одраз на одредбите на член 3 од Протокол бр. 7 од Конвенцијата, кој мора да биде анализиран на начин кој е компатибилен со член 6, став 2. Судот затоа е убеден дека нема ништо во самите критериуми со што се доведува во прашање невиноста на лице кое било ослободено од обвинение, и дека самиот закон не наложува било каква оцена на вината на жалителката.
129. Судот исто така забележува дека можноста за надомест на штета после ослободување од обвинение во тужената држава е значително лимитирана со критериумите од член 133. Јасно е дека ослободувањето по жалба поднесена во предвидениот рок во редовна жалбена постапка не доведува до било какво право на надомест на штета согласно член 133. Исто така, ослободувањето по жалба засновано на неадекватни инструкции за поротатата или на дозволување на неправични докази не би ги исполнило критериумите од член 133 од Законот од 1988 година. На домашните судови било да го толкуваат законот за да ѝ дадат дејство на волјата на законодавното тело и при тоа тие биле овластени да заклучат е потребно повеќе од ослободување за да се докаже „судска грешка“, секогаш под услов со тоа да не се доведе во прашање невиноста на жалителот. Судот затоа не е загрижен за различните толкувања кои му се дадени на тој израз од страна на судиите во Домот на лордови во случајот Mullen и, после пресудата на Апелациониот суд во овој случај, од страна на судиите на Врховниот суд во Adams. Она што Судот мора да го оцени е дали, со оглед на карактерот на задачата која домашните судови биле должни да ја завршат, и во контекст на пресудата со која се укинува осудата на жалителката (види параграф 127 погоре), зборовите кои биле употребени биле компатибилни со презумпцијата на невиност гарантирана со член 6, став 2.
130. Што се однесува на карактерот на задачата на судовите, јасно е дека испитувањето дали критериумите од член 133 биле исполнети барало домашните судови да се повикаат на пресудата на Апелациониот суд (кривичен отсек) со која се укинува осудата, со цел да се утврдат причините за ослободување и степенот во кој може да се каже дека новиот факт покажал надвор од разумно сомневање дека имало судска грешка. До тој степен, контекстот на постапката го обврзал Високиот суд, и, покасно, Апелациониот суд да ја оценува пресудата на Апелациониот суд (кривичен отсек) од аспект на критериумите на член 133.
131. Навраќајќи се на пресудата на Високиот суд, Судот забележува дека судијата ги анализирал заклучоците на Апелациониот суд (кривичен отсек) и сметал дека тие не „одговарале на сугестијата дека по завршувањето на ново судење, врз основа на тие докази ... надлежниот судија би бил обврзан да ја насочи поротата да ја ослободи жалителката“ (види параграф 25 погоре). Откако ги анализирал случаите кои биле претходно одлучени од страна на судовите во врска со прашањето за надомест на штета согласно член 133, тој сметал дека било надвор од формулацијата на член 133 да се опише случај во кој поротата би можела да донесе поинаков заклучок затоа што било покажано надвор од разумно сомневање дека имало судска грешка (види параграф 30 погоре). Според него, во случајот на жалителката, сведочењето на лекарите пред Апелациониот суд (кривичен отсек) и поротата покажувале дека имало „убедливи докази“ против жалителката, и дека би било задача на поротата да одлучи по тоа прашање (види параграф 31 погоре). Тој заклучил дека Апелациониот суд (кривичен отсек) заклучил само дека новите докази, земени заедно со доказите изведени при првичното судење, „отворале можност“ дека поротата „би можела да ја ослободи“ жалителката. Очигледно дека со тоа не било докажано надвор од разумно сомневање дека дошло до судска грешка (види параграф 32 погоре).
132. Апелациониот суд пак, исто така започнал со повикување на текстот на пресудата со која се укинува осудата. Тој објаснил дека Апелациониот суд (кривичен отсек) одлучил дека доказите кои биле сега достапни „би можеле, ако биле изведени пред поротата, да доведат до поинаков исход“ (види параграф 33 погоре). Тој суд потоа кажал дека одлуката на Апелациониот суд (кривичен отсек) „не водела до заклучок“ дека немало аргументи против жалителката, и дека „немало основа да се каже“ врз основа на новите доакзи дека немало случај кој треба да биде изведен пред порота (види параграфи 38-39 погоре).
133. Точно е дека при дискутирање на тоа дали фактите на случајот на жалителката потпаѓале во смисла на изразот „судска грешка“, и Високиот суд и Апелациониот суд се повикале на спротивставените толкувања кои на тој израз му биле дадени од страна на лордот Bingham и лордот Steyn во Домот на лордови во случајот R (Mullen). Затоа што лордот Steyn искажал мислење дека би дошло до судска грешка само кога невиноста била докажана надвор од разумно сомневање, нужно имало определена дискусија за прашањето на невиност и степенот во кој пресуда на Апелациониот суд (кривичен отсек) со која се укинува осуда генерално покажува невиност. Во тој поглед имало повикување на Објаснувачкиот извештај на Протокол бр. 7, кој објаснува дека намерата на член 3 од тој Протокол била да ги обврзе државите да платат надомест само кога има потврда дека засегнатото лице било „очигледно невино“ (види параграф 72 погоре). Сосема е разбирливо дека при настојувањето да се утврди значењето на двосмислен законски поим како што е „судска грешка“ кој потекнува од одредби кои постојат во меѓународни инструменти – во овој случај, член 14, став 6 од МПГПП и член 3 од Протокол бр. 7 – домашните судии треба да се повикаат на меѓународната судска пракса за тие одредби и на историјата на нивното подготвување со која се утврдува како тие биле сфатени од страна на оние кои се творци на тие одредби. Сепак, самиот Објаснувачки извештај предвидува дека, иако тој е замислен за да го олесни разбирањето на одредбите содржани во Протоколот, тој не дава автентично толкување на тој документ (види параграф 71 погоре). Повикувањето на тој извештај на потребата да се докаже невиност сега мора да се смета дека е укинато со судската пракса на Судот во врска со член 6, став 2. Но, она што е најважно е дека пресудите на Високиот суд и Апелациониот суд не наложувале жалителот да го исполни критериумот утврден од лордот Steyn на докажување на нејзината вина. Високиот суд особено, нагласил дека фактите во R (Mullen) биле многу различни од фактите во случајот на жалителката и дека ratio decidendi во одлуката во R (Mullen) не бил од помош во решавањето на нејзиниот случај (види параграф 27 погоре).
134. Судот не смета дека зборовите кои ги употребиле домашните судови, земени во контекст на анализата која тие биле должни да ја направат, може да се каже дека го довеле во прашање ослободувањето на жалителката или дека со неа било постапено на начин кој не е во согласност со нејзината невиност. Судовите се насочиле, како што е наложено со член 133, кон потребата да утврдат дали имало „судска грешка“. При оценувањето дали дошло до „судска грешка“, судовите не коментирале за тоа дали, врз основа на доказите презентирани во жалбата, жалителката требало да биде, или веројатно би била ослободена или осудена. Исто така, тие не коментирале за тоа дали доказите укажувале на вина или невиност на жалителката. Тие само ги потврдиле заклучоците на Апелациониот суд (кривичен отсек), кој и самиот го анализирал прашањето дали, ако новите докази биле достапни пред или во текот на судењето, сепак би имало аргументи против жалителката. Тие постојано повторувале дека би било задача на поротата да ги оцени новите докази, ако било одлучено да се одржи повторно судење (види параграфи 31, 33 и 38-39 погоре).
135. Во тој поглед, Судот нагласува дека врз основа на законот за кривична постапка во Англија, во кривична постапка поведена со обвинителен акт задача на поротата е да ги оцени доказите на обвинителството и да одлучи за вината на обвинетиот. Улогата на Апелациониот суд (кривичен отсек) во случајот на жалителката била да одлучи дали осудата била „заснована на цврсти докази“, во смисла на член 2, став 1 од Законот од 1968 година (види параграф 43 погоре); а не да се стави на место на поротата при одлуката дали, врз основа на доказите кои биле сега достапни, вината на жалителката била докажана надвор од разумно сомневање. Одлуката да не се нареди повторно судење во случајот на жалителката ја поштедила од стрес и нервоза од водење на уште една кривична постапка. Таа не тврдеше дека требало да има повторно судење. И Високиот суд и Апелациониот суд се повикале само на пресудата на Апелациониот суд (кривичен отсек) за да утврдат дали дошло до судска грешка и не настојувале да донесат автономни заклучоци за исходот на случајот. Тие не го довеле во прашање заклучокот на Апелациониот суд (кривичен отсек) дека осудата не била заснована на цврсти докази; тие исто така не сугерирале дека Апелациониот суд (кривичен отсек) погрешно ги оценил доказите кои биле изведени пред него. Тие без приговор ги прифатиле заклучоците на Апелациониот суд (кривичен отсек) и ги разработиле, без било каква промена или нивна повторна оцена, со цел да утврдат дали биле исполнети критериумите од член 133.
136. Судот затоа е убеден дека пресудите на Високиот суд и Апелациониот суд во случајот на жалителката не покажуваат непочитување на презумпцијата на невиност којашто таа ја ужива во однос на обвинението за убиство од небрежност од кое што беше ослободена. Затоа немало повреда на член 6, став 2 од Конвенцијата.
ОД ТИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ја прогласува жалбата за недопуштена;
2. Одлучува дека немало повреда на член 6, став 2 од Конвенцијата.
Изработена на англиски и француски јазик, и објавена на јавна расправа одржана во Зградата на човекови права, Стразбур, на 12 јули 2013 година, врз основа на правило 77, став 2 и став 3 од Правилата на Судот.
Michael O’BoyleDean Spielmann
Заменик секретарПретседател
Во согласност со член 45, став од Конвенцијата и правило 74, став 2 од Правилата на Судот, следното издвоено мислење на судијата Gaetano е приклучено кон пресудата.
D.S.
M.O’B.
Издвоеното мислење не беше преведено но, се појавува на англиски и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy