© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка на судската пракса на Судот бр. 165
јули 2013 година
Allen против Обединетото Кралство [ГСC] - 25424/09
Пресуда 12.7.2013 [ГСC]
Член 6
Член 6, став 2
Презумпција на невиноста
Одлука со која се одбива барање за надомест на штета поднесено после укинување на осудата на жалителот: нема повреда
Факти – Во септември 2000 година, жалителката била осудена за убиство од небрежност на нејзиниот син врз основа на сведочење на лекари дека повредите на момчето одговорале на „синдромот на бебе кое било тресено“ (исто така познат како „повреда на главата којашто не е случајна“ “non-accidental head injury” – “NAHI”). По жалба таа тврдела дека новите докази од областа на медицината сугерирале дека повредите можеле да бидат предизвикани од друга причина покрај NAHI. Во јули 2005 година, Апелациониот суд (кривичен отсек) ја укинал нејзината пресуда од причина што таа не била заснована на цврсти докази откако заклучил дека новите докази би можеле да влијаат врз одлуката на поротата да ја осуди жалителката доколку тие биле изведени пред неа. Обвинителството не побарало повторно судење со оглед на тоа дека жалителката веќе ја издржала нејзината казна и затоа што поминало подолго време од настанот.
Жалителката поднесла барање за надомест на штета до надлежниот Министер согласно член 133 од Законот за кривична правда од 1988 година („Законот од 1988 година“), кој предвидувал дека надомест на штета ќе биде исплатен на некој кој бил осуден за кривично дело, но потоа таа осуда била укината од причина што нов или новооткриен факт покажува надвор од разумно сомневање дека дошло до судска грешка. Нејзиното барање било одбиено. Барањето за судска оцена на таа одлука било исто така одбиено од страна на Високиот суд, којшто заклучил дека Апелациониот суд (кривичен отсек) само одлучил дека новите докази, земени заедно со доказите изведени на првичното судење, „создавале можност“ дека поротата „би можела да ја ослободи“ жалителката. Апелациониот суд потоа ја одбил жалбата на жалителката откако воочил дека ослободителната одлука „не содржела импликација“ дека повеќе нема аргументи против жалителката, така што критериумот за да се утврди „судска грешка“ не бил исполнет.
Во нејзината жалба пред Европскиот суд, жалителката тврдела дека причините кои биле дадени во одлуката со која се одбива нејзиното барање за надомест на штета го повредиле нејзиното право на презумпција на невиност.
Право – Член 6, став 2
(a) Опсег на случајот – Прашањето по кое Судот требало да одлучи не било дали одбивањето на барањето за надомест на штета како такво го повредувало правото на жалителката на презумпција на невиност (член 6, став 2 не му гарантирал на лице кое е ослободено од обвинение за кривично дело, право на надомест на штета за судска грешка), туку дали одлуката со која се одбива барањето за надомест на штета во случајот на жалителката, вклучувајќи го образложението на таа одлука како и употребените зборови, било компатибилно со презумпцијата на невиност.
(б) Применливост на член 6, став 2 – Имало два аспекта на член 6, став 2. Првиот наметнувал определени процедурални обврски во контекст на самата кривична постапка (на пример, во врска со товарот на докажување, претпоставки на факти и право како и за привилегијата да не се придонесува кон сопствена икриминација). Вториот, којшто бил аспектот на тој член кој е релевантен во овој случај, бил насочен кон спречување со поединците кои биле ослободени од кривично обвинение, или против кои кривичната постапка била запрена, да се постапува од страна на државни функционери и органи како да се всушност виновни. Кога кривичната постапка била завршена, жалителот кој сакал да се повика на член 6, став 2 во постапка која се води после таа кривична постапка би морал да докаже дека има врска помеѓу тие две постапки. Таква врска веројатно било да постои, на пример, кога постапката која се води после кривичната постапка наложува анализирање на исходот од кривичната постапка и, посебно, кога го обврзувал судот да ја анализира кривичната пресуда; да ги преоценува или евалуира доказите во кривичниот предмет; да го оценува учеството на жалителот во некои или сите настани кои довеле до кривичното обвинение; или да коментира во однос на елементите кои и натаму сугерираат можна вина на жалителот. Потребната врска постоела во овој случај затоа што правото да се иницира постапка за надомест на штета настанувало со ослободувањето од обвинение во кривичната постапка, и затоа што Министерот и судовите биле должни да ја земат предвид пресудата од кривичната постапка кога ја донесувале и преоценувале одлуката донесена по барањето за надомест на штета. Затоа член 6, став 2 бил применлив.
Заклучок: претходниот приговор на Владата е одбиен (едногласно).
(в) Основаност – Не постоел единствен пристап во утврдување на околностите во кои член 6, став 2 би бил повреден во контекст на постапка којашто се водела после завршување на кривичната постапка. Многу работи зависеле од карактерот и контекстот на постапката во која била донесена оспорената одлука. Сепак, во сите случаи и без оглед на пристапот, зборовите употребни од страна на носителот на одлуката биле од клучна важност во оцената на компатибилноста на одлуката и образложението на таа одлука со член 6, став 2.
Свртувајќи се кон испитување на карактерот и контекстот на постапката во случајот на жалителката, Судот воочил дека ослободувањето на жалителката не било „мериторно“ во вистинска смисла на зборот. Иако, формално било ослободување, завршувањето на кривичната постапка во нејзиниот случај имало повеќе обележја кои одговарале на случај во кој кривичната постапка била запрена.
Судот понатаму воочил дека морале да биде исполнети конкретни критериуми согласно член 133 од Законот од 1988 година за да настане правото на надомест на штета; имено: барателот морал претходно да биде осуден; дека како последица на тоа морал да издржува казна; дека било дозволено поднесување на жалба по истек на предвидениот рок; и дека причина за усвојување на жалбата бил нов факт кој надвор од разумно сомневање докажувал дека имало судска грешка. Овие критериуми, со само минимални јазични разлики, ги одразувале одредбите на член 3 од Протокол бр. 7 од Конвенцијата, кој морал да биде анализиран на начин кој е компатибилен со член 6, став 2. Судот затоа бил убеден дека немало ништо во самите критериуми со што се доведува во прашање невиноста на лице кое било ослободено од обвинение, и дека самиот закон не наложувал било каква оцена на вината на жалителката.
Што се однесува на зборовите кои ги употребиле домашните судови, Судот не сметал дека, земени во контекст на анализата која тие биле должни да ја направат согласно член 133 од Законот од 1988 година, тие го довеле во прашање ослободувањето на жалителката или дека со неа било постапено на начин кој не е во согласност со нејзината невиност. При оцената дали дошло до „судска грешка“, домашните судови не коментирале за тоа дали врз основа на доказите презентирани во жалбата, жалителката требало да биде, или веројатно би била ослободена или осудена. Исто така тие не коментирале за тоа дали доказите укажувале на вина или невиност на жалителката. Всушност тие постојано повторувале дека би било задача на поротата да ги оцени новите докази, доколку било одлучено да се одржи повторно судење.
Понатаму, според законот за кривична постапка во Англија задача на поротата било во кривична постапка поведена со обвинителен акт да ги оцени доказите на обвинителството и да одлучи за вината на обвинетиот. Улогата на Апелациониот суд (кривичен отсек) во случајот на жалителката била да одлучи дали осудата била „заснована на цврсти докази“, а не да се стави на место на поротата при одлуката дали, врз основа на доказите кои биле сега достапни, вината на жалителката била докажана надвор од разумно сомневање. Одлуката да не се нареди повторно судење во случајот на жалителката ја поштедила од стрес и нервоза од водење на уште една кривична постапка, а таа не тврдела дека требало да има повторно судење. И Високиот суд и Апелациониот суд се повикале само на пресудата на Апелациониот суд (кривичен отсек) за да утврдат дали дошло до судска грешка и не настојувале да донесат автономни заклучоци за исходот на случајот. Тие не го довеле во прашање заклучокот на Апелациониот суд (кривичен отсек) дека осудата не била заснована на цврсти докази; и тие исто така не сугерирале дека Апелациониот суд (кривичен отсек) погрешно ги оценил доказите кои биле изведени пред него. Тие без приговор ги прифатиле заклучоците на Апелациониот суд (кривичен отсек) и ги разработиле, без било каква промена или повторна оцена, со цел да утврдат дали биле исполнети критериумите од член 133.
Заклучок: нема повреда (едногласно).
© Совет на Европа / Европски суд за човекови права
Ова резиме изготвено од страна на Секретаријатот не го обврзува Судот.
Кликнете овде за Информативните белешки за судската пракса
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy