© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈ ANIMAL DEFENDERS INTERNATIONAL против ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
(Жалба бр. 48876/08)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
22 април 2013
Оваа пресуда е конечна, но може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Аnimal Defenders International против Обединетото Кралство,
Европскиот суд за човекови права заседавајќи како Голем судски совет во состав:
Dean Spielmann, Претседател,
Nicolas Bratza,
Françoise Tulkens,
Josep Casadevall,
Nina Vajić,
Ineta Ziemele,
Elisabeth Steiner,
Päivi Hirvelä,
George Nicolaou,
András Sajó,
Zdravka Kalaydjieva,
Mihai Poalelungi,
Nebojša Vučinić,
Kristina Pardalos,
Vincent A. De Gaetano,
Julia Laffranque,
Helen Keller, судии,
и Michael O’Boyle, Заменик секретар на Големиот судски совет,
Откако расправаше на затворени седници на 7 март 2012 и 20 февруари 2013 година,
Ја донесува следната пресуда којашто беше усвоена на второспоменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 48876/08) против Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска поднесена до Судот по член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на Animal Defenders International, невладина организација (НВО), со седиште во Лондон („жалителот“), на 1 септември 2008 година.
2. Жалителот пред Судот го застапуваше г-ѓа T. Allen, адвокат од Лондон. Владата на Обединетото Кралство („Владата“) беше застапувана од нејзиниот аген, г-ѓа A. Sornarajah, oд Форин и Комонвелт Офисот.
3. Жалителот се жалеше на забранувањето за платено политичко рекламирање од член 321(2) oд Законот за комуникации од 2005 година.
4. Жалбата беше распределена на Четвртиот оддел на Судот (правило 52, став 1 од Правилата на Судот). На 21 јануари 2011, Судот одлучи да ја комуницира жалбата до Владата. Исто така одлучи истворемено да донесе одлука за допуштеноста и основаноста на жалбата (член 29, став 1). На 29 ноември 2011 Судскиот совет ја отстапи надлежноста на Големиот судски совет.
5. Составот на Големиот судски совет беше утврден според одредбите на член 27, став 2 и став 3 од Конвенцијата и правило 24 од Правилата на Судот.
6. И жалителот и Владата доставија поднесоци во однос на допуштеноста и основаноста на жалбата.
7. Јавна расправа се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур на 7 март 2012 (правило 59, став 3). Пред Судот пристапија:
– за Владата
г-нA. Sornarajah,Aгент,
г-нM. Chamberlain,Адвокат,
г-ѓаE. Van Heyningen,
г-ѓаS. White, Советници;
– за жалителот
г-нH. Tomlinson QC,
г-нA. O’Neill QC,Адвокати,
г-ѓаT. Allen,Советник,
г-ѓаJ. Creamer, Претседател на организацијата жалител.
Судот слушна обраќања од г-н Chamberlain и г-н Tomlinson.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
8. Невладината организација жалител се залага против користењето на животни во трговијата, науката и за разонода, настојувајќи да постигне промени во законот и во јавната политика и да влијае врз јавното и парламентарното мислење за таа цел.
1. Забранетата телевизиска реклама
9. Во 2005 жалителот започнал кампања со наслов „Мојот пријател е примат“ којашто била насочена против чувањето и изложувањето на приматите и нивна употреба во телевизиско рекламирање. Како дел од кампањата, жалителот сакал да емитува телевизиска реклама од 20 секунди. Предложената реклама започнувала со слика на кафез за животни во која девојка во синџири се појавува постепено од сенка. Екранот потоа станувал празен и се појавувале три пораки во секвенца „Шимпанзото има ментална возраст на четиригодишно дете“; „Иако имаме 90% ист генетски материјал тие се сѐ уште затворени во кафези и злоупотребувани за ние да се забавуваме“, и „За да дознаете повеќе и како вие можете да помогнете да го сопреме тоа, нарачајте го вашиот пакет со едукативни информации од 10 фунти“. Во таа крајна снимка, шимпанзото било во иста позиција како и девојката.
10. Предложената реклама била доставена до Центарот за одобрување на емитување на реклами („ЦОЕР“) за оцена на нејзината усогласеност со релевантните правила и закони. На 5 април 2005 година ЦОЕР одлучил да не ја одобри рекламата. Целите на жалителот биле „во целост или воглавно од политички карактер“ така што член 321(2) oд Законот за комуникации од 2003 година („Законот од 2003“) го забранувал емитувањето на рекламата. Одлуката била потврдена на 6 мај 2005. Рекламата можела и може да се гледа на интернет.
2. Високиот суд ([2006] EWHC 3069)
11. На 19 октомври 2005 година жалителот започнал постапка во која барал декларација на некомпатибилност со член 4 од Законот за човекови права од 1998 („ЗЧП“) тврдејќи дека забраната за политичко рекламирање на телевизија и радио наметната со Законот од 2003 не била во согласност со член 10 од Конвенцијата. Единственото спорно прашање било дали забраната можела да се смета за „неопходна во демократско општество“.
12. Писмена изјава од Генералниот директор на Директоратот за култура, медиуми и спорт („МКМС“), од 16 декември 2005 била доставена во име на државата. Во неа се кажувало како непристрасноста била фундаментална карактеристика на регулаторниот режим кој се применувал во радиодифузијата и зошто се сметало дека политичкото рекламирање било неспојливо со непристрасноста. Во неа се објаснувало дека помалку рестриктивна забрана била непрактична опишувајќи го процесот на преиспитување на забраната кој започнал во 1999 (види паараграфи 17-55 подолу) воочувајќи дека релевантните тела кои биле консултирани ја поддржувале забраната и сметал дека со тоа биле одговорени аргументите на жалителот. Контролите на радиодифузните медиуми биле оправдани со оглед на уникатната природа на овој медиум и затоа што имало други медиуми кои му биле достапни на жалителот. Изјавата се повикувала на други држави со слични одредби (Ирска, Данска, Шведска и Норвешка) заклучувајќи дека, во земјите кои дозволувале платено политичко рекламирање, останувале „значителни практични проблеми“ во водењето на таков систем особено во способноста да се гарантира еднаков пристап на сите партии кога политичката сцена била карактеризирана со повеќе партии партиите/радиодифузерите ги заобиколувале правилата за ограничување на време/финансии за платено политичко рекламирање и кога имало нејаснотии околу тоа што претставува „политичко“ рекламирање.
13. На 4 декември 2006 Високиот суд (судии Auld LJ и Ousley J) го одбил тужбеното барање на жалителот. Судијата Ousley J забележал дека се однесувало на „континуитет на политичка активност и интензитет на партиска политичка активност во време на избори од страна на неполитички тела во секој момент на определените интереси од посебен интерес на јавноста“. Иако политичкото изразување било многу ценет облик на изразување, и двајцата судии заклучиле дека мешањето [во таа слобода] било оправдано.
14. И двајцата судии го отфрлиле повикувањето на пресудата во VgT Verein gegen Tierfabriken v. Switzerland (no. 24699/94, ECHR 2001‑VI) за која сметале дека е нејасна во однос на фактите. Судијата Auld LJ заклучил дека Законот од 2003 имал повеќе обележја со кои системот се подобрил а кои не биле присутни во шемата за која станува збор во VgT, вклучително и намалување на контролите на времето и содржината на политичките и изборните емитувања. Тие се повикале на критиките на пресудата во R (ProLife Alliance) v BBC ([2003] UKHL 23). Судијата Ousley J заклучил дека не било возможно да се разбере основаната на пресудата во VgT. И двајцата судии се сомневале во релевантноста на Murphy v. Ireland (no. 44179/98, ECHR 2003‑IX (extracts)): таа не се однесувала на политичко рекламирање и тие не биле убедени од забелешката во таа пресуда дека полето на слободна оцена [margin of appreciation] во однос на политичко рекламирање може да биде поограничено од полето во однос на верско рекламирање.
15. И двајцата судии ја нагласиле претпазливоста која требало да ја имаат судовите во однос на политиките и законодавните одлуки на Парламентот. Судијата Auld LJ повторил дека:
„... во такви прашања на социјално и политичко оценување, извршната и законодавната власт – особено законодавната – на една држава договорничка може вообичаено да се очекува од нив да имаат подобро или посигурно сфаќање на нејзините демократски потреби и иивните практични услови отколку Судот во Стразбур или нејзините судови. Во тоа е суштината на поимот на самоограничување [judicial deference] кој под едно или друго име, сѐ уште стои како претпазливост на нашите судови против пренагло мешање со политиките на Владата или законодавните шеми на Парламентот при нивното имплементирање. Таквата претпазливост е фактор кон проширување, а не кон намалување на полето на слободна оцена/досег на дискрециона оцена на една држава договорничка во овој контекст, исто како што може да биде и во контекст на други важни и сензитивни прашања кои се карактеристични за традициите на една држава договорничка, а кои нејзините органи – како оние во Ирска во случајот Murphy – се особено запознати и квалификувани за да ги оценат.
Овде, Парламентот на Обединетото Кралство има одбрано да воведе забрана за политичко рекламирање само во однос на радиодифузните медиуми заради што се смета дека имаат моќ и, последователно, поголем потенцијал за дисторзија со многуте интереси на демократскиот процес. Можно било тоа да заврши и на друг начин, но, дали е судот е оној кој треба тоа да го оцени, соочен со широка и многу авторитетна поддршка од парламентарниот систем?“
Судијата Auld LJ покасно ќе заклучи дека Парламентот дејствувал во досегот на дискреционата оцена со која располага.
Судијата Ousley J изјавил дека Високиот суд не се потпирал само на доказите изведени пред него затоа што “искуството, стручноста и ставот на Парламентот изразени во законодавството можат да го покажат потребното оправдување“. Што се однесува на оправдувањето за забраната, тој изјавил:
„Овде се одлучува за спротивставени интереси кои законодавното тело е овластено и обврзано да ги балансира, земајќи го предвид начинот за кој може да предвиди дека групите и партиите би го употребиле за да добијат поголем пристап до радиодифузните медиуми кој тужителот го бара за себе и за други. ...
Во овој поглед, јасно е дека Парламентот искажал став заснован на согледувања, борејќи се со последиците по човековите права од член 321. Јас му давам голема тежина на неговиот став изразен на тој начин како доказ за потребата од тоа ограничување. Ова не е извршен акт, ниту секундарно законодавство туку примарно законодавство коешто беше донесено без гласови против. Знаел за спротивставувањето на професорот Barendt засновано на човекови права, и за резервираноста, заснована на VGT, изразена од Заедничкиот комитет за човекови права и Изборната комисија.
Јас исто така му давам голема тежина на изградениот став на Парламентот заради предметот кој законот го регулира. Влијанието на емитувањето врз темите, рамката и интензитетот на политичката дебата е влијание кое малкумина би биле во подобра положба да го оценат од оние кои со тоа се занимаваат секојдневно со избирачки единици и интересни групи, без разлика дали за да регистрираат, одговорат или да се одбранат од нивното влијание. Тие би биле во добра положба за да знаат каков вид на групи имало или може да има кои би го искористиле степенот на промени на сегашната забрана. Не е спорно дека Парламентот, преку своите пратеници и политички активни колеги, е во далеку подобра позиција да донесе став во овие прашања отколку судиите. Ова не е област којашто повеќе спаѓа во сфера во која судиите се поискусни и постручни. Тоа уште повеќе важи за странски судии.
Гледам на овие фактори како да даваат значителна доказна вредност на ставот на демократски избраното тело при одлучувањето какво ограничување се покажало како неопходно во јавен интерес. Во суштина, друг начин тоа да се искаже е да се каже дека предметот на законот наложува значително поле на дискрециона оцена кое е дадено на Парламентот.
Несомнено, Парламентот можел да употреби формулација на зборови која би била некаков вид на решение на било каков проблем во однос на тоа каде да се повлече линија помеѓу различните видови на огласувачи или реклами. Сепак, сложеноста и незибежната арбитрерност на секое решение, каква што може да биде потребна, се прашања кои Парламентот треба да ги разгледува при одлучувањето дека целосна забрана за реклами на радиодифузни медиуми е единствениот изводлив и фер одговор.“
Без разлика на тоа дали донесувањето на забраната од страна на Парламентот било доказ за нејзината неопходност во област во која Парламентот има експертиза или како став во област каде треба да му се даде пошироко поле на слободна оцена, судијата Ousley J сметал дека одлуката на Парламентот треба да се почитува од страна на судовите.
16. Воочувајќи го тоа што нема европски консензус, судијата Auld LJ забележал дека извештаите на експерти кои биле доставени биле од мала помош, биле изработени од државата само како прашање на објавување и на нив државата не се повикувала. Судијата Ousley J воочил дека на Високиот суд му биле доставени определени, но, не обемни материјали за тоа како некои земји од Советот на Европа и Комонвелтот се справиле со прашањето. Тие не биле посебно употребливи освен за да покажат дека имало генерален консензус дека изборните периоди оправдувале забрани за огласување и дека немало јасен консензус за тоа дали сегашната забрана била неопходна надвор од изборниот период. Различните држави одлучиле какви ограничувања се потребни со оглед на нивните конкретни политички чувствителни прашања и системи за радиодифузија. Отсуството на консензус можеби ги одразувал тие различни услови кои правилно биле дел од ставот на законодавното тело за тоа дали овој степен на забрана бил неопходен во неговото демократско општество.
17. И судијата Auld LJ и судијата Ousley J го нагласиле образложението за забраната: да се зачува интегритетот на демократскиот процес со осигурување дека радиодифузните медиуми не се дисторзирани од богати интереси во полза на определени политички агенди. Судијата Ousley J ја окарактеризирал забраната како ограничување насочено кон поддршка на демократскиот процес, а не како забрана со конкретна содржина. И двајцата судии сметале дека е легитимно да се издвојат радиодифузните медиуми затоа што нивното влијание било потенцијално помоќно: Судијата Ousley J заклучил дека не било прашање на сериозна дебата дека радиодифузните медиуми биле поубедливи и посилни од било кој друг вид на медиум. Што се однесува на дебатата за тоа дали телевизијата е поскапа од другите медиуми, судијата Ousley J cметал дека е доволно за да прифати дека емитуваните огласи имале предност за која огласувачите и емитувачите биле свесни и за која огласувачите би платиле големи суми на пари далеку над она што можеле да го платат обичните групи кои би сакале да учествуваат во јавната дебата.
18. На крај, и двајцата судии го отфрлиле аргументот дека забраната била непропорционална затоа што се применувала надвор од изборниот период и на групи како што е организацијата жалител кои не биле поврзани со политика на партии или избирачки кампањи. Судијата Auld LJ нагласил дека не би било „принципиелна или логичка дистинкција“ да се ограничи забраната само на изборните периоди. И двајцата судии сметале дека политичкото огласување во радиодифузните медиуми надвор од тие периоди веројатно би имало исто толку очигледно влијание врз демократскиот процес. Во овој поглед, судијата Ousley J воочил дека радиодифузните медиуми биле сеприсутни, дека спорни политички прашања можеле да настанат во секое време и дека купеното влијание можело да влијае врз промовирањето на закони, одлуката да се одржат избори или нивниот краен исход. И двајцата судии сметале исто така дека било непрактично, арбитрерно и потенцијално нефер да се направи обид да се повлече линија помеѓу прашања на партиска политика и други прашања од јавна важност: извртувањето на јавната дебата можело да биде во многу облици и можело да опфати широк спектар на прашања од јавен интерес, а некои прашања би било тешко да се категоризираат. Исто така имало ризик дека таквата дистинкција би можела да им овозможи на политичките партии нивното политичко огласување да го „делегираат“ на „издвоени групи или групи на поддржувачи“ за кои би немало ограничувања.
19. Како последица на тоа, Судот одбил да даде декларација за некомпатибилност
3. Дом на лордови ([2008] UKHL 15)
20. На 12 март 2008 Домот на лордови (лордот Bingham, лордот Scott, баронесата Hale, лордот Carswell и лордот Neuberger) едногласно ја одбил жалбата на жалителот.
21. Лордот Bingham ја донесол водечката пресуда. Тој потврдил дека, затоа што забраната се мешала во политичкото изразување, стандардот на оправдување кој бил наметнат на државата бил „висок’ а полето на слободна оцена било соодветно мало. Целта на забраната била следната:
„28. Основното образложение на демократскиот процес е дека ако спротивставени ставови, мислења и политики се јавно дебатирани и изложени на оцена од јавноста со тек на време добрата волја ја победува лошата, а точното преовладува над погрешното. Мора да се претпостави дека, ако ѝ се даде време, јавноста ќе направи правилен избор кога, во текот на демократскиот процес, таа има право да избере. Но, многу е пожелно полето за дебата да биде на толкаво ниво колку што е практично. Тоа се постигнува кога, во јавна дискусија, различни ставови се изразуваат, се спротивставуваат еден со друг, се даваат одговори на нив и за нив се дабатира. Дожноста на радиодифузерите е да ја постигнат оваа цел на непристрасен начин преку презентирање на балансирани програми во кои сите законити ставови може да бидат искажани.“
22. Целта не била постигната ако:
„...богати интереси кои не се политички партии можат да ја користат куповната моќ за да им дадат поголема важност на ставови кои можат да бидат точни или погрешни, атратктивни за прогресивните мислители или неатрактивни, корисни или штетни. Има ризик дека цели кои се во суштина политички може да бидат прифатени од јавноста не затоа што се покажани во јавна дебата како правилни туку како последица на константно повторување на јавноста било вршено влијание за таа да ги прифати. Правата на другите кои забраната на вршењето на правото на слободно изразување е предвидена за да ги заштити, според мене, вклучуваат право да се биде заштитен од можни неправилности во партиското политичко огласување.“
Лордот Bingham не мислел дека целосната основаност на овој аргумент била употребена во пресудата во VgT цитирана погоре.
23. Тој сметал дека целосна забрана била потребна за да се избегне ризик од реклами на организации со неприфатливи цели и тој забележал дека оваа опција не била прифатена во VgT но, била потврдена во пресудата Murphy цитирана погоре. Тоа што забраната се однесувала само на радиодифузните медиуми било, како што заклучил судијата Ousley J, објаснето со посебната убедливост и моќ на телевизијата и радиото, фактор потврден од Судот во пресудата во Jersild v. Denmark (23 September 1994, § 31, Series A no. 298) и во Murphy, иако тој воочил дека пресудата VgT ја занемарила оваа поента.
24. Што се однесува на тоа дали со помалку рестриктивна забрана (во однос на време, зачестеност, трошоци или по карактерот и квалитетот на рекламите) би се избегнале проблемите кои со неа требало да се избегнат, лордот Bingham сметал дека не е потребно оваа опција да се анализира детално затоа што, помеѓу другото, секој помалку рестриктивен систем можел да биде избегнат со формрање на помали групи кои остваруваат слични политички цели, би било дури уште потешко за радидофузерите да ја исполнат должноста на непристрасност. Иако Заедничкиот комитет за човекови права побарал компромисно решение, Владата оценила дека не можело да се најде фер и изводливо решение со кои би се решил проблемот, „оценка која Парламентот ја прифатил. Јас не гледам причина да ја оспорам таа оценка“. На оценката на Парламентот требало да се даде „голема тежина“ од три причини. Прво, разумно било да се очекува дека демократски избрани политичари ќе бидат „политички чувствителни“ на мерките кои се потребни за да се зачува интегритетот на демократијата. Второ, иако Парламентот сметал дека забраната можела „можеби иако неверојатно“ да го повреди член 10, Парламентот решил да продолжи со законот заради важноста која ја давал на забраната и неговата оцена која не треба да биде „лесно отфрлена“. Трето, законодавството не можело да биде направено за да се однесува на конкретни случаи туку со него морале да се постават генерални правила и Парламентот би одлучил каде да се повлече линија. Иако тоа неизбежно значело дека тешки случаи би биле на погрешната страна од таа линија, „тоа не треба да се земе дека го анулира правилото ако, гледано општо, тоа правило е корисно.“
25. Фактот што му биле достапни други средства за комуникација на жалителот бил „фактор со определена тежина“ и тоа требало да се спореди со Bowman v United Kingdom (19 February 1998, Reports 1998‑I) каде било најдено дека оспорената одредба претставува тотална бариера за пренесување на ставовите на жалителот.
26. На крај, лордот Bingham забележал дека немало јасен консензус помеѓу државите членки за тоа како законски да се регулира емитувањето на политички огласи. Овој Суд го имал проширено полето на слободна оцена во такви случаи и имал сугерирано дека е можно дека секоја држава е во најдобра позиција да ги цени меѓусебната проверка и балансирање [checks and balances] потребни за да се заштити, во согласност со член 10, интегритетот на нејзината демократија. Тој ја одбил жалбата, согласувајќи се со судијата Ousley J и, во однос на главниот дел, со судијата Auld LJ. Тој не го прифатил ставот на лордот Scott дека домашните судови можеле да се разликуваат од овој Суд при толкувањето на правата од Конвенцијата затоа што тие судови требало, ако нема посебни околности, да ја следат јасната и конзистентна судска пракса на овој Суд.
27. Лордот Scott се согласил со лордот Bingham, додавајќи два коментари.
Најпрво, забраната можела да доведе до понатамошни барања по член 10 со оглед на нејзината „впечатлива“ ширина, таа можела на жалителот да му ја одземе способноста да дава реклами за емитување без политичка содржина или со целосно неутрална содржина и да го спречат жалителот „да се спротивстави“ на дозволено комерцијално огласување со кое се прекршувале нивните принципи. Како последица на тоа, можело да има аспекти во кои членовите 319 и 321 биле неспојливи со член 10. Сепак, овластувањето да се даде декларација на неспојливост согласно член 4 од ЗЧП, било дискреционо. По правило, таа не требало да се примени освен ако околностите на случајот покажувале дека законската одредба за која станува збор „влијале врз право на жалителот од Конвенцијата ... на начин кој не е спојлив со тоа право“ и хипотетичките примери на начини на кои законската одредба може да биде неспојлива со право од Конвенцијата не биле доволни. Заклучокот бил дека забраната не била неспојлива со правата на жалителот по член 10.
Второ, не било можно да се претпостави од пресудата во VgT дека Судот не би се согласил со Домот на лордови во сегашниот случај. Судот во Murphy не направил разлика ниту го квалификувал неговото образложение во VgT и пресудите на овој Суд биле тесно фокусирани на конкретните факти на секој случај. Немало ништо повеќе од можност за несогласност помеѓу заклучокот на Домот на лордови и евентуален заклучок на овој Суд.
28. Баронесата Hale ја започнала својата оцена посочувајќи дека имало „занемарен очигледен проблем“ кога случајот бил разгледуван и тоа била доминацијата на огласувањето, не само во избори туку и во формирањето на јавното мислење, во Соединетите Американски Држави. Таа ги нагласила огромните сумн на пари кои се трошат, и кои мора да биде собрани, за избори во Соединетите Американски Држави. Немало лимит во Соединетите Американски Држави на сумата која групите за притисок можеле да ја потрошат за пренесување на нивната порака на најмоќните и најубедливите медиуми кои постојат.
29. Таа понатаму го опишала образложението на забраната дека со неа се осигурува дека Владата и нејзините политики не се одлучуваат од страна на оние кои трошат најмногу:
„Нашата демократија е заснована на повеќе од еден глас за едно лице. Таа е заснована на ставот дека секоја личност има еднаква вредност. ... Ние сакаме секој да може да одлучи сам за себе за важните прашања. За тоа ние имаме потреба од слободна размена на информации и идеи. Ние мораме да прифатиме дека некои луѓе имаат повеќе финасиски средства отколку останатите со кои тие можат да ги пренесат нивните ставови. Но, ние сакаме да ја избегнеме дисторзијата којашто неограничениот пристап до радиодифузни медиуми може да ја донесе.
Така што во овој случај не се работи само за дозволиви ограничувања на слободата на изразување. Тој се однесува за воспоставување на правилна рамнотежа помеѓу двете најважни компоненти на демократијата: слободата на изразување и еднаквоста на гласачите.“
30. Баронесата Hale одлучила, целосно согласувајќи се со причините дадени од лордот Bingham, дека забраната на начинот на кој дејствувале во случајот не била неспојлива со правата на жалителот од член 10. Напротив, таа била:
„51. ... избалансиран и пропорционален одговор на проблемот: тие можат да ги пренесат нивните аргументи на секој друг начин, но не на оној кој носи големи ризици да се изврти јавната дебата во полза на богатите. Мора да има исто правило за истите видови на огласување, каква и да е каузата за која се залага и какви и да се средствата на оние кои ја водат кампањата. Ние не смееме да правиме разлика помеѓу каузи кои ги одобруваме и каузи со кои не се согласуваме. Исто така во пракса не можеме да правиме разлика помеѓу мали организации кои мора да се борат за секоја фунта и богатите кои имаат пристап до огромни суми. Ограничување или намалување на забраната нема да дејствуваат...“
31. Таа не била сигурна за примената на пресудата на Судот во случајот VgT затоа што, како и сите пресуди на овој Суд, таа се однесувала на конкретни факти:
„52. ... Иако организациите биле слични, огласите биле прилично различни „јадете помалку месо“ е различна порака од „помогнете ни да го сопреме нивното страдање“. Важни аргументи кои добиле помала тежина во случајот VgT , биле прифатени во Murphy. Ако ништо друго, потребата да се воспостави правична рамнотежа помеѓу спротивставени интереси е поголема во политички отколку во религиозен контекст. Иако политичкиот говор е важен, политичките права на другите се исто толку важни во една демократија. Прашањето е дали забраната, примената на овие факти, била пропорционална на легитимната цел на заштита на демократските права на другите. Како што покажа лордот Bingham, Владата и Парламентот неодамна испитаа со определена внимателност дали поограничена забрана би можела да дејствува успешно и заклучија дека не може. Избраното решение има поддршка од сите партии. Парламентарците од сите политички уверувања имаат став дека забраната е неопходна во ова демократско опшество. Секој суд не би бил доволно мудар ако заземе поинаков став по вакво прашање. Може да има простор за аргумент на границите на ова правило, на пример, забранувањето на секакво огласување од страна на политичко тело, или забранување на секакво огласување за прашања кои се контроверзни во јавноста. Но, тоа не е така во овој случај.“
32. На крај, баронесата Hale се согласила со лордот Bingham (и не се согласила со лордот Scott) дека правилното толкување на правата од Конвенцијата инкорпорирани во домашното право во крајна инстанца било на овој Суд. Домашните судови требале да усвојат „внимателен пристап“ со кој не смеат да „одат понапред“ од толкувањето на Судот туку, „да држат ритам со судската пракса на Стразбур како што таа се развива со тек на време, и ни повеќе ни помалку од тоа“.
33. И лордот Carswell и лордот Neuberger ја одбиле жалбата од причините кои ги дал лордот Bingham.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
A. Законот за човекови права од 1998 година („ЗЧП“)
34. ЗЧП влезе во сила во Англија, Велс и Северна Ирска на 2 октомври 2002 година. Член 4 дозволува судовите да издадат декларација за некомпатибилност кога не е можно да се толкува примарно или секундарно законодавство во согласност со Конвенцијата. Член 19 од ЗЧП е насловен „Декларации за некомпатибилност “ и предвидува дека:
„(1) Министер ... одговорен за нацрт закон во било кој дом од Парламентот, мора пред второто читање на нацрт законот:
(a) да даде изјава дека според него одредбите на нацрт законот се во согласност со правата од Конвенцијата („декларација на компатибилност“), или
(б) да даде изјава дека иако тој не може да даде декларација на компатибилност владата сепак сака Домот на Парламентот да продолжи со [процедурата по] нацрт законот.
(2) Декларација мора да биде дадена писмено и објавена на таков начин кој Министерот смета дека е соодветен. “
Б. Законодавна позадина на забраната
1. Позадина на нацрт законот за комуникации од 2002 година („Нацрт законот од 2002“)
(a) Законот за телевизија од 1954 година („Законот од 1954“)
35. Пред Законот од 1954, БиБиСи беше единствениот радио и телевизиски радиодифузер во Обединетото Кралство и никогаш не емитуваше платени огласи. Законот од 1954 го отвори пазарот за комерцијални радиодифузери, кои се потпираат на приходи од маркетинг за финансирање, и основал регулаторно тело (Независно тело за телевизија, „НТТ“) за да ја спроведува, помеѓу останатото, забраната за платено политичко огласување воведена со Законот од 1954:
„Не е доволено огласување кое што е поднесено од или во име на било кое тело чии цели во целост или воглавно се од религиозен или верски карактер, и нема да биде дозволено огласување коешто е насочено кон било која верска или политичка цел или има каква било поврзаност со работен спор:“
36. Идните закони ја задржаа оваа забрана.
(б) Комитет за стандарди во јавниот живот („Комитетот Neill“)
37. Комитетот Neill бил формиран од страна на Владата за да го оценува поширокото прашање на финансирање на политички партии. Откако ја посетил Канада, Германија, Ирска, Шведска и Соединетите Американски Држави, во октомври 1998 година комитетот го претставил Петтиот извештај на Владата. Во Поглавјето 13 од Извештајот, Комитетот Neill препорачал забраната за политичко огласување на телевизија и радио да се задржи, опишувајќи ги придобивките од тоа на следниот начин:
„13.7 Спречувањето политичките партии и други политички мотивирани организации да купуваат време на телевизија и радио има за последица ограничување на сумата на пари која тие можат да ја потрошат и исто така, ги ограничува сумите на пари кои треба да ги соберат. За овие последици постои речиси универзална согласност дека се поволни. Изборните кампањи во Обединетото Кралство се поефтини од кампањите во многу други земји. Во текот на изборните кампањи, телевизиските гледачи и радио слушателите не се подложени на континуирано пренесување на партиска политичка пропаганда (голем дел од која, ако овде би била дозволена, би била негативна). Зависноста на партиите од богати донатори е намалена. Политичките лидери не се принудени да трошат премногу време и енергија за финансирање на телевизиски и радио кампањи. Исто така не е мала придобивка и фактот што радиодифузерите им даваат на партиите бесплатно време за емитување. Тоа значи дека сите поважни политички партии, и не само најбогатите, имаат можност да ги споделат нивните ставови. Речиси сите кои имаат набљудувано изборни кампањи во Соединетите Американски Држави ги сметаат овие аспекти на системот во Обединетото Кралство за супериорни. Ние веруваме дека мерките кои во моментот се применуваат добро и служат на оваа земја и треба да останат во сила.“
38. Комитетот Neill сметал дека ограничувањето на слободата на изразување кое резултира од забраната можело да се оправда. Комитетот заклучил дека:
„13.11 ... сосема е во ред Владата да продолжи да постапува врз основа на тоа дека забраната за политичко огласување на телевизија и радио е правно одбранлива. Ние особено се повикуваме на аргументот на Министерството [во the X and the Association of Z v. the United Kingdom, no. 4515/70, Commission decision of 12 July 1971, Yearbook 14, p. 538] ... со кој се оправдува целосната забрана со заштита на демократското право на граѓаните на Обединетото Кралство да не бидат подложени на бомбардирање со политичка пропаганда во ударен термин за рекламирање од страна на најбогатите поддржувачи на партиите. Ако некој суд во иднина го одлучи спротивното, тоа може да има драматични последици врз финансирањето на политичките партии. Ако се слободни да го прават тоа, партиите речиси сигурно ќе се чувствуваат обврзани да ја искористат приликата да се рекламираат (или да ги напаѓаат нивните опоненти) на телевизија и радио. Во Соединетите Американски Држави висок процент од трошоците на политичките партии во време на избори е посветен на телевизиско огласување. Притисокот да се рекламираат, е тој што, исто колку и други фактори, генерира побарувачка за пари и оттука жестоката трка помеѓу Демократите и Републиканците...“
39. Комитетот Neill понатаму сугерирал дека, ако ништо друго, законот треба повторно да биде разгледан за да се осигура дека е доволно широка забраната:
„13.12 Друга можна идна опасност, на која упатуваат некои од доказите е дека како што напредокот во технологијата носи нови и различни средства за ширење на информации (кабелска телевизија, дигитална телевизија со многу канали, интернет и слично), може да се подготват нови методи во обид да се заобиколат моменталните правни ограничувања за политичко огласување. Потребно ќе е будно следење за да се спречи тоа да се случи. Постоечкото законодавство треба да биде преиспитано за да се осигура дека неговиот досег на примена е доволно широк.“
40. Во 1999 Владата започнала со обемно преиспитување на прописите за емитување и презела консултации за, меѓу другото, помалку рестриктивни мерки од сегашната забрана за политичко огласување. Во јули 1999 година Владата одговорила на предлотот на Комитетот Neill за закони вклучително и одржување на забраната за политичко огласување:
„9.2 Забраната за платено политичко огласување на телевизија и радио е еден од најважните фактори за ограничување на сумата на пари која политичките партии можат да ја потрошат на изборни кампањи и затоа и на сумата на пари која мора да ја соберат. Како последица на тоа, забраната има широка политичка поддршка и Владата силно ја поддржува препораката на Комитетот Neill дека забраната треба да се задржи.“
2. Дебата за Нацрт законот од 2002
(a) Бела книга за комуникации
41. Во декември 2002 година Владата објавила Бела книга за комуникации со која предала Нацрт закон за комуникации за имплементирање на нови контроли врз радиодифузните медиуми во Англија и Велс вклучително и задржување на забраната за политичко огласување. Во текот на периодот на консултација Судот ја донесе неговата пресуда во Vgt Verein gegen Tierfabriken v. Switzerland (no. 24699/94, ECHR 2001‑VI).
(б) Објавување и оцена на Нацрт законот од 2002
42. После периодот на консултација, во мај 2002 година, Владата го објави Нацрт законот од 2002, на тој начин започнувајќи период за консултација во траење од три месеци. Програмските сервиси не требало да содржат било какво политичко огласување без разика дали рекламата била дадена од или во име на тело кое е со политички карактер или огласување насочено кон политичка цел. Во документите објавени со Нацрт законот од 2002 спаѓале Објаснувачки забелешки (во кои се разгледувала пресудата во VgT, воочувајќи дека со неа дошло до определено сомневање дали забраната е компатибилна со Конвенцијата) и политички документ во кој се дава преглед на нацрт законот и со него поврзаните политички одлуки и во кои се изразува ставот, помеѓу другото, дека нацрт законот одразувал правилна рамнотежа на слободата на изразување и потребата од заштита од определени видови на емитуван материјал.
43. Заедничкиот комитет за човекови права („ЗКЧП“, постојан парламентарен комитет кој има задача да ги испитува последиците врз човековите права од нацрт закони) го разгледал нацрт законот од 2002, и, при тоа во јуни 2002, го сослушал професорот Barendt кој бил Гудмен професор по медиумско право на Универзитетскиот колеџ во Лондон (1990-2010), првиот декан за медиумско право во Обединетото Кралство. Во одговор на прашањето за тоа дали имало ограничувања кои можат да бидат наметнати врз политичкото огласување, а кои може да бидат компатибилни со член 10, професорот Barendt изјавил дека тој се согласувал со исходот на случајот VgT. Да не се дозволи на невладина организација со политичка програма (како што е Amnesty) којашто може да си дозволи да плати за кратка реклама нему му се чинело за „монструозна повреда на слободата на изразувањето која не може да се оправда“. За него немало смисла да се дозволат комерцијални реклами за автомобили и производи поврзани со возење, а да не се дозволи групи кои не се согласуваат со тоа, да емитуваат реклами. Тој не се залагал за неограничен пристап туку за усвојување на правила за ограничување на бројот на спотови кои можат да бидат купени. Тој сметал дека дисторзијата на политичката дебата можела „да се избегне со наметнување на финансиски лимити, какви што имаме сега во однос на финансирањето и расходите на политичките партии“.
44. На 19 јули 2002 година ЗКЧП објавил извештај за Нацрт законот од 2002, вклучително и за забраната за политичко огласување. ЗКЧП потврдил дека забраната можела да биде оценета како некомпатибилна со член 10 со оглед на пресудата во VgT. Сепак, тој повикал на претпазливост во укинување на забраната со оглед на важното образложение за забраната и тешкотиите во изработка на поограничено решение. Воочувајќи го пристапот на Врховниот суд во Канада и различните традиции во однос на слободата на изразувањето во Соединетите Американски Држави и Австралија, ЗКЧП го преферирал европскиот пристап затоа што давал „соодветна тежина на легитимната цел на обебедување еднаквост на можностите за политичко изразување, во секој случај во радиодифузните медиуми“ која традиција ја оправдувала забраната. ЗКЧП понатаму кажал:
„63. ... има пошироки согледувања кои ние веруваме дека повикуваат на најголема претпазливост при одење од моменталната законска ситуација во Обединетото Кралство (каде пристапот до телевизија и радио на тие кои сакаат да оствараат политички каузи е ограничен речиси целосно со високо регулираниот систем на радиодифузери на политичките партии). Во овие пошироки согледувања спаѓа стравот од преземање на демократскиот процес од страна на богатите и моќните, на што Судот алудирал во VgT... Ризикот за тоа ќе биде поголем кога ќе се покаже невозможно да се спречи концентрирањето на сопственоста во повеќе медиуми во една земја. Ние исто така сме свесни дека компромисот на кој Судот упатува – поограничена забрана која се применува помалку – претставува огромен предизвик за да се стави во законска форма. Посбено, тешко е да се замисли како да се предвидат начини за доделување на време или ограничување на трошоците во врска со „политички став“ (наспроти политичка партија, како и тоа да е дефинирано во законот)...“
45. Иако ЗКЧП се сомневал во општата применливост на пресудата во случајот VgT цитиран погоре и видел некоја придобивка во чекањето на судската пракса во оваа област понатаму да созрее пред да се одлучи за соодветен законодавен одговор, сепак сметал дека целосна забрана за политичко огласување на радио и телевизија било веројатно да се смета за некомпатибилна со член 10 како што и самата Влада признала во Објаснувачките забелешки за нацрт законот од 2002. ЗКЧП препорачал Владата „да разгледа начини со кои изводливи и компатибилни со Конвенцијата ограничувања од овој вид може да бидат содржани во нацрт законот“.
46. Заедничкиот комитет за нацрт законот за комуникации („ЗКНЗК“) бил парламентарно тело основано за да го разгледа нацрт законот. Неговиот извештај од 25 јули 2002 ги поддржувал принципите на кои се засновала предложената забрана:
„301. ...Став на Владата е дека има важни причини за повторно донесување на старата забрана за политичко огласување на радиодифузните медиуми, но таа потврдува дека неодамнешна одлука на Европскиот суд за човекови права доведува до сомневања за компатибилноста на таа забрана со Конвенцијата. Професорот Eric Barendt тврдеше дека општа забрана за политичко огласување не била компатибилна со човековите права и сугерираше дека целта може најдобро да биде постигната со лимити на трошоците за политичко огласување. Заедничкиот комитет за човекови права тврдеше дека забрана на купување на време за рекламирање за политички цели веројатно е компатибилна со правата од Конвенцијата. Ние ги поддржуваме принципите на кои се заснова предложената забрана за политичко огласување ... и ја повикуваме Владата да направи внимателна анализа на методите за одржување на таа забрана на начини кои не се подложни на оспорување во смисла на тоа дека не се компатибилни со права од Конвенцијата.“
47. Независната комисија за телевизија („НКТ“) имала севкупна одговорност за комеријалната телевизија во тоа време. На 10 октомври 2002 НКТ ја повикала Владата да ја задржи забраната:
„НКТ се согласува со принципиелното противење на Владата на политичкото огласување и се надева дека забраната, којшто досега беше ефикасна, ќе биде задржана. Нашата проценка е дека систем управуван од ОФКОМ [независно регулаторно тело за медиуми]/радиодифузерите за „контролирање“ на политичкото огласување засновано на тестови на потребна непристрасност и несоодветно влијание, прилично брзо, ќе пропадне поради неизводливост во пракса ... Штом апсолутната забрана биде отстранета, радиодифузерите..во најмала рака ќе бидат подложни на оспорување ако одбијат да прифатат политички огласи. Тогаш ние се наоѓаме на опасен терен...забранување на именувани политички партии е прилично неефикасно кога....не е тешко да се создадат водечки организации. Истото ќе важи за многу други емотивни прашања, како што е правото на живот. Одлуката на Стразбур во швајцарскиот случај не дава јасни насоки за тоа кога политичкото огласување може да биде предмет на забрана. Затоа мора да има во најмала рака ризик дека секое „половично решение“ – покрај што е е неефикасно –тоа да се смета и за некомпатибилно.“
(в) Претставување на нацрт законот од 2002 во Парламентот и дебатите за него
48. На 19 ноември 2002 Владата го претставила нацрт законот од 2002 во Парламентот во кој забраната за политичко огласување била задржана. Министерот кој го претставувал нацрт законот дал изјави согласно член 19(1)(б) од ЗЧП од 1998:
„Јас не можам (и само поради [забраната за политичко огласување] да дадам изјава дека според мене, одредбите од [нацрт законот од 2002] се компатибилни со правата од Конвенцијата. Сепак, Владата и покрај тоа сака да продолжи постапката по нацрт законот“.
49. Оваа е единствениот пат од донесувањето на ЗЧП Владата да ја примени оваа процедура: тоа не значело дека Владата го сметала нацрт законот од 2002 за некомпатибилен туку дека таа не можела јасно да каже дека е компатибилен со оглед на пресудата во VgT.
50. На 22 ноември 2002 Министерот за култура, медиуми и спорт („МКМС“) објавил Меморандум на Министерството во одговор на извештајот на ЗКЧП во јули 2002:
.„. Владата знае дека случајот [Vgt] создава сомневање за тоа дали забраната за политичко огласување (која со нацрт законот повторно се донесува) е компатибилна со ЕКЧП. Ние го воочуваме ставот на Комитетот дека легитимната цел на обезбедување еднаквост на можности за политичко изразување во радиодифузните медиуми оправдува ограничувања во политичкото огласување и дека треба да се има најголема претпазливост при промената на сегашната законска одредба.....
Имајќи ги предвид забелешките на Комитетот, Владата ја следеше препораката на Комитетот да разгледа начини на кој изводливи ограничувања кои се компатибилни со Конвенцијата ќе бидат вклучени во нацрт законот. Ние поконкретно разгледавме алтернативен режим заснован на конкретни забрани, како што е забрана за секакво партиско политичко огласување, и секое политичко огласување од било кој вид во време на избори или референдуми, заедно со други правила за да се избегне доминација на било кое конкретно гледиште, обезбедување на визуелна или аудио идентификација на политички огласи, и контролирање на обемот на политичкото огласување во смисла и на време за емитување и на процент од приходот од огласување којшто на еден радиодифузер му е дозволено да го добие од политички реклами. Ние заклучивме дека би било многу тешко таквата шема да биде функционална и дека во секој случај значително не би ги исполнила резултатите од сегашната целосна забрана и би дозволила значителен обем на политички огласи да бидат емитувани.“
51. На 3 декември 2002 Министерот за МКМС му објаснил на Парламентот зошто не била возможна декларација за компатибилност:
„Иако се разбира дека ќе има прилика ова прашање да се дебатира целосно пред Комитет, јас сакав да ја објаснам позицијата на целиот Парламент. Одлуката да се продолжи со нацрт законот кој содржи одредба од ваков вид е очигледно исклучителна, и беше донесена после внимателна расправа и целосна анализа и на правните аргументи и политичките алтернативи.
Многу години, сукцесивните Влади ја задржаа целосната забрана на огласувањето од политичка природа на телевизија или радио. Намерата на Владата во овој случај е да продолжи со сегашната забрана – забрана којашто беше поддржана од Комитетот Neill во неговиот извештај од 1998 за финансирање на политичките партии – и да дефинира попрецизно што се мисли со „политичко“, така што ОФКОМ може да продолжи да го користи широкото сфаќање на овој збор кое го користат постоечките регулаторни тела. ...
Сепак, потенцијална компликација постои во облик на [пресудата VgT] којашто [се однесува] на наводно слична забрана. Таа поента беше исто така воочена од [ЗКЧП]. Во одговор на пресудата на ЕСЧП и на забелешките на [ЗКЧП], ние темелно ја анализиравме сегашната забрана за да видиме дали со некои помали измени таа со поголема сигурност би била компатибилна со човековите права. За жал, секоја од тие промени сепак би дозволила значително политичко огласување, и јас се надевам дека постои согласност од сите партии дека тоа не би било пожелен исход. Оневозможувајќи на моќните политички интереси да ја извртуваат политичката дебата, сегашната забрана ја штити јавната и демократска дебата, и ја штити непристрасноста на радиодифузерите.
Откако ги разгледав сите факти, и следејќи сеопфатни правни совети, јас заклучив дека може да се истакнат многу силни аргументи во полза на тоа дека забраната содржана во овој нацрт закон е во согласност со ЕКЧП. ...
Владата применува стандарди на тестирање при разгледувањето на компатибилноста на нејзиното законодавство со конвенцијата и, со оглед на постоењето на [VgT], јас морам да го замолам Парламентот да го разгледа овој нацрт закон со изјава од член 19(1)(б) oд Законот за човекови права приклучена кон него. Тоа не значи дека ние веруваме дека нацрт законот е некомпатибилен со ЕКЧП, и ние би истакнале обемна одбрана ако тој биде оспорен пред судовите. Се разбира, ако таа одбрана потоа не успее пред домашните судови, ние ќе мора да ја преразгледаме нашата позиција. Покрај тоа, ние ги сфаќаме нашите меѓународни обврски многу сериозно и би барале измена на забраната во согласност со било каква пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во која е одлучено против законодавството на Обединетото Кралство. Сепак, како што стојат работите, Владата верува дека е правилно да се побара Парламентот да продолжи со забраната за политичко огласување.“
52. На 10 декември 2002 Министерот на МКМС одговорил на прашање на пратеник за компатибилност со Конвенцијата на забраната кон кое биле приклучени детални „Објаснувачки забелешки“ на МКМС во кои се наведени причините на Владата за задржување на забраната. Во објаснувачките забелешки на МКМС било запишано дека, иако случајот VgT го доведувал во прашање тоа дали забраната е компатибилна со Конвенцијата, забраната имала широка поддршка од сите партии и било силно поддржана од Комитетот Neill. Комитетот за оценување на нацрт законот пред неговото донесување и ЗКЧП ги поддржувале принципите за забраната и ја повикале Владата да испита начини за да осигура дека таа е компатибилна со Конвенцијата. Владата имала побарано соодветни правни совети. Забрана кој е посигурно компатибилна со Конвенцијата би можела да се постигне само со значителна промена на пристапот кон забраната што би го отворила патот „најмалку за значително огласување од лоби групи и оние кои се залагаат за конкретни прашања“. Понатаму, имало „многу силни аргументи“ дека забраната била компатибилна со ЕКЧП што било причината поради која Владата побарала Парламентот да продолжи со законодавната постапка по нацрт законот со задржување на забраната.
Биле разгледани алтернативи на забраната со цел да се испита како забраната може да се задржи на начин кој е во согласност со Конвенцијата:
„Поконкретно, беше разгледан алтернативен режим заснован на конкретни забрани, како што е забрана на секакво партиско политичко огласување или секакво политичко огласување во време на избори или референдуми, заедно со други правила за да се избегне доминација на било кое конкретно гледиште на еден канал, обезбедување на визуелна или аудио идентификација на политички огласи, и контролирање на обемот на политичкото огласување во смисла и на време за емитување и на процент од приходот од огласување којшто на еден радиодифузер му е дозволено да го добие од политички реклами.
8. Заклучокот бил донесен, земајќи предвид правен совет, дека би било многу тешко таквата шема да биде функционална, и дека во секој случај во значителна мера не би ги исполнила резултатите од сегашната целосна забрана и би дозволила значителен обем на политички огласи да бидат емитувани на повеќе канали.“
Објаснувачата забелешка на МКМС понатаму го прикажува правниот совет кој МКМС го добила од адвокати во однос на компатибилност со Конвенцијата на забраната и покрај пресудата во VgT :
„20. Владата побара правен совет од адвокат во однос на последиците од швајцарскиот случај во однос на компатибилноста со Конвенцијата на забраната за политичко огласување содржана во Законот за радиодифузија од 1990. Адвокатот советуваше дека, освен швајцарскиот случај, има многу силни аргументи дека би било во согласност со член 10 домашен закон да забранува политичко огласување. Тој дал мислење дека пресудата на Европскиот суд за човекови права во швајцарскиот случај била неубедлива и дека имало силни аргументи за оправдување на домашен суд и самиот Европски суд да не ја следат пресудата во сегашниот контекст.
21. Главните поенти на советот на адвокатот кои довеле кон неговиот став се поврзани со следните фактори:
(a) фундаменталната важност на задржувањето на непристрасност во радиодифузните медиуми заради нивниот досег, непосредност и влијание;
(б) дозволувањето на политички тела, или огласи од политичка природа, би било во спротивност со принципот на непристрасност, би дозволило на моќни групи да купат влијание со купување на време во етерот, и на радиодифузерите би им ја одзело заштитата од политички огласувачи кои сакаат да извршат уредувачко влијание врз други програми во [радиодифузниот] сервис;
(в) посебниот третман на радиодифузните медиуми во овој поглед е поддржан со согледувања на ограничувања на обем, третата реченица од член 10(1) (со која се овозможува издавање на дозволи за емитување) и Директивата телевизија без граници;
(г) неодамнешни независни анализи ја поддржаа забраната, на пр. Комитетот Neill и Заедничкиот комитет за човекови права;“
(д) критиката дека забраната се применува на политички тела без да се гледа на природата на секој оглас е неоправдана, затоа што секој оглас на такво тело ќе настојува да ги промовира неговите интереси (па дури и само преку промовирање на препознатливост на име или собирање на финансии), затоа што би било многу тешко и несигурно да се каже дали содржината на конкретен оглас била „премногу политичка“ или не и затоа што (со оглед на факторите кои одат во прилог), Парламентот дејствува во полето на негова дискрециона оцена при фокусирањето на карактерот на телото, а не на карактерот на огласот, за да ја оствари целта на непристрасност.
22. Објаснувањето на адвокатот за тоа зошто сметал дека образложението во швајцарскиот случај било неубедливо, ги содржи следните поенти:
(a) „Збунувачкиот“ заклучок на Судот во Стразбур дека прашањата кои со забраната требало да се разрешат (на пр. спречување на моќни групи да имаат несоодветно влијание) не биле „неодложни“ ["pressing"] со оглед на фактот што забраната не се однесувала на други видови медиуми;
(б) Судот прифатил дека забраната за политичко рекламирање може да биде дозволива во определени околности, но адвокатот посочил дека постои пресуда дека општи („јасно дефинирани“) [("bright line")] правила можат да бидат оправдани, дури и ако со нив доаѓа до тешки случаи кога има случаи кои се на маргините на тие правила;
(в) Судот дал недоволна тежина на фактот дека биле достапни други видови на публицитет (на пр., весници, летоци, билборди).“
53. На 10 декември 2002 ЗКЧП испратил допис до Владата со кој бара поцелосно објаснување на тоа зошто забраната се задржува. На 20 декември 2002 ЗКЧП објавил извештај во кој жали за тоа што Владата не објаснила зошто не вклучила помалку строга забрана во нацрт законот. На 9 јануари 2003 Министерот за МКМС одговорил на ЗКЧП повикувајќи се на писмото н придружната Објаснувачка забелешка на МКМС испратена во декември 2002 до пратениците (параграф 52 погоре). На 10 февруари 2003 ЗКЧП одговорил дека тој бил убеден дека постапувањето на Владата било легитимно. Поконкретно, тој воочил (Четврти извештај од седницата 2002-2003):
„40. Во нашиот Прв извештај, наведовме шест фактори за кои во моментот сметавме дека се релевантни за оцената на Парламентот за соодветноста да се продолжи со донесување на закон на начин кој може да доведе до потврден ризик на некомпатибилност со право од Конвенцијата. Земајќи ги тие работи во обзир, и со оглед на преписката спомената погоре – ние сме убедени дека -
- во било каков спор во врска со забраната за политичко рекламирање и спонзорирање во радиодифузните медиуми согласно член 309 од нацрт законот, Владата ќе тврди дека одлуката во [Vgt] не треба да се следи, или во спротивно дека одлуката нужно не подразбира некомпатибилност на член 309 со правото на слобода на изразување според член 10 од ЕКЧП, и дека таквиот аргумент има разумни шанси за успех;
- Владата ќе се чувствува обврзана да го измени законот ако после расправа се одлучи од страна на [Судот] дека конкретната забрана е некомпатибилна со член 10 и дека ќе го земе предвид ставот ако суд во Обединетото Кралство даде декларација на некомпатибилност согласно член 4 од Законот за човекови права од 1998: и
- во меѓувреме, сѐ додека не добие прилика да ги истакне своите аргументи пред судовите во однос на компатибилноста на забраната со член 10, Владата има добри причини за да верува дека политичките причини за задржување на забраната се поважни од причините за нејзино ограничување, затоа што би било тешко да се изнајде компромисно решение кое е функционално во пракса.“
54. На 13 јануари 2003 Изборната комисија (независно тело основано од Парламентот за да преиспитува најразлични изборни и политички прашања) објавила извештај со наслов „Партиско политичко емитување: извештај и препораки“. Таа сметала дека аргументите за забраната биле убедливи. Главното согледување било да се избегне оние со поголеми финансии да ја заземат политичката агенда со тоа што електоратот би добивал информации само од многу мал број на добро финансирани (големи) политички партии. Исто така би било тешко за радиодифузерите да задржат рамнотежа и непристрасност. Со меѓународни споредби многу малку се намалувале забелешките во однос на влијанието на платеното рекламирање, при што Комисијата се повикала на искуствата во Соединетите Американски Држави и Германија каде, и покрај намалените стапки на рекламирање, само најголемите партии имале средства за такво рекламирање. И покрај пресудата во VgT, предложената забрана можела да се оправда согласно член 10, став 2 од Конвенцијата (страници 16-17 од извештајот):
„...треба да се воочи дека случајот [VgT] се однесувал на платено политичко рекламирање, а не на политичко партиско рекламирање во контекст во кој забраната за платено рекламирање дејствува заедно со режим на бесплатни емитувања кои се во суштина неконтролирани од страна на радиодифузерите. Таквиот [режим] не бил предмет на одлука ниту во Стразбур ниту во нашите судови согласно Законот за човекови права. ... несомнено тоа е противтежа на забраната за политичко рекламирање. Иако со тоа не се неутрализира забраната во целост ...ние сепак сметаме дека тоа е значајна противтежа затоа што воглавно се применува во време на избори.
Нам ни се чини дека системот на Обединетото Кралство би бил потврден при оцена согласно ЕКЧП и ЗЧП, барем ако режимот на бесплатни и неконтролирани емитувања е силен.“
55. Пресудата во VgT била разгледана од Домот на лордови во предметот R (ProLife Alliance) v BBC ([2003] UKHL 23). Лордот Hoffmann ја опишал пресудата VgT како „резервирана, иако и во определена мерка нејасна одлука“, иако воочил дека Судот не би „исклучил дека забрана за ‘политичко рекламирање’ може да биде компатибилна со условите од член 10 во некои ситуации“. Лордот Walker коментирал дека пресудата VgT „со должна почит, не дава целосни или јасни причини за она што се чини дека е заклучок со далекусежни последици...Вистинската важност на случајот VgT е затоа прилично нејасна“.
В. Законот за комуникации од 2003 година („Законот од 2003“), донесен во јули 2003 година
1. Забраната за политичко рекламирање
56. Законот од 2003 бил донесен од Парламентот без гласови против. Законот од 2003 ги заменил постоечките регулатори со единствено регулаторно тело за медиуми, телекомуникации и радио врски наречено Кацеларија за комуникации („ОФКОМ“). Сепак, до 31 декември 2005 Центарот за одобрување на емитување на реклами („ЦОЕР“) бил одговорен за разгледување и одобрување на реклами предложени за емитување, пред тие да бидат емитувани.
57. Член 319, став 1 наложува ОФКОМ да постави и преиспитува стандарди за постигнување на определени фиксирани цели наброени во член 319, став 2 во кои цели спаѓаат дека вестите на телевизија и радио треба да се презентираат со соодветна непристрасност и дека условите за непристрасност од член 320 се почитуваат и, понатака, дека рекламирањето со кои се прекршува забраната за политичко рекламирање не треба да се прифаќа од телевизиските или радио сервисите.
58. Член 321, став 2 ја содржи таа забрана и предвидува дека:
„(2) Во смисла на член 329, став 2(е), една реклама е во спротивност со забраната за политичко рекламирање ако таа е:
(a) реклама којашто е доставена од или во име на тело чии цели се во целост или воглавно од политичка природа;
(б) реклама која е насочена кон политичка цел; или
(в) реклама којашто е поврзана со работен спор.“
59. Член 321, став 3, дефинира дека во целите од „политичка природа и политички цели“ спаѓаат:
„(a) влијаење на исходот од избори или референдуми, без разлика дали се тие во Обединетото Кралство или на друго место;
(б) постигнување на измени во законот во целото или дел од Обединетото Кралство или на друго место, или на влијаење на поинаков начин врз законодавната постапка во било која земја или територија;
(в) влијаење врз политики или одлуки на локални, регионални или национални влади, без разлика на тоа дали во Обединетото Кралство или на друго место;
(г) влијаење врз политиките или одлуките на лица на кои им се доверени јавни функции со или согласно закон на Обединетото Кралство или земја или територија надвор од Обединетото Кралство;
(д) влијаење врз политиките или одлуките на лица на кои им се доверени функциите со или согласно меѓународни договори;
(ѓ) влијаење врз јавното мислење по прашање кое, во Обединетото Кралство, е прашање на контроверзност во јавноста;
(е) промовирање на интересите на партија или друга група на лица, организирана, во Обединетото Кралство, или на друго место, за политички цели.“
60. Со оглед на тоа, забраната се применува, не само за реклами со политичка содржина, туку исто така и на тела кои се целосно или воглавно со политичка природа без оглед на содржината на нивните реклами.
61. Член 321, став 7 предвидува исклучок на реклами на јавниот сервис доставени од или во име на владино министерство или за емитувања на партиска политичка или референдумска кампања на определени политички партии (параграф 64 подолу). Политичките партии во чие име се прават тие емитувања се утврдени од ОФКОМ и само оние кои се регистрирани во Изборната комисија исполнуваат услови за да бидат избрани.
2. Обврската за непристрасност на радиодифузните медиуми: 3 механизми
62. Политичката непристрасност е суштинско обележје на законодавниот режим со кој се регулираат емитувањата уште од почетокот и се постигнува со три механизми. Првиот е забраната за платено политичко рекламирање.
63. Вториот механизам е законска обврска за непристрасност на сите радидифузери. Член 320 од Законот од 2003 насловен „Посебни услови за непристрасност’ и потставовите 1 и 2 го предвидуваат следното:
„(1) Обврските од овој став се-
(a) исклучување, во случајот на телевизиските и радио сервисите....од програмите содржани на било кој од тие сервиси на сите изразувања на ставови или мислења на лицето кое го обезбедува сервисот за било кое од прашањата споменати во потстав 2;
(б) зачувување, во случајот на секој сервис на телевизиска програма, телетекст сервис, национален радио сервис и национален сервис за дигитална програма, на потребната непристрасност, од страна на лицето кое го обезбедува сервисот, во однос на сите прашања;
(в) спречување, во случајот на секој локален радио сервис, локален сервис за програма на дигитален звук или сервис за радио содржина за кој може да се издава лиценца, на давањето на непотребна истакнатост на програмите на тој сервис на ставови и мислења на конкретни лица или тела по било кое од тие прашања.
(2) Tие прашања се –
(a) спорни политички или работни прашања; и
(б) прашања кои се однесуваат на моменталната јавна политика.“
64. Tретиот механизам е обезбедувањето на бесплатните емитувања на партиски политички, партиски изборни и партиски референдумски камапањи од страна на радиодифузерите, механизам кој што е дел од регулаторната средина од самиот почеток на радиодифузирањето. Првото такво емитување на радио било во 1924, а на телевизја во 1951 година. Член 333 од Законот од 2003 предвидува дека дозволите за определени радиодифузери мора да наложуваат вклучување на бесплатни емитувања со почитување на Правилата на ОФКОМ. Со тие правила се регулираат партиски политички емитувања (понудени на поважните партии во време на клучни настани во политичкот календар); партиски изборни емитувања (понудени во текот на изборни периоди на секоја од главните партии и на помали регистрирани партии кои се борат за една шестина или повеќе од местата на општи избори) и емитувања на кампањи за референдум (понудени на секој од предвидените референдумски организации во времето пред реферндум).
Г. Европска платформа на регулаторни тела („ЕПРТ“) [[European Platform of Regulatory Authorities (“EPRA”)]
1. Истражување на ЕПРТ, мај 2006 година
65. Истражувањето било подготвено од Секретаријатот на ЕПРТ врз основа на информации добиени од 31 држава/територија: Австрија, Белгија (2), Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Република Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Островот Ман, Израел (2), Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Поранешната Југословенска Република Македонија, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Шпанија, Шведска и Швајцарија (2). Со него се препорачувала претпазливост при повикување на споредбена анализа во овој контекст. Со оглед на немањето на прецизни дефиниции во домашниот закон и големата различност на национални традиции, веројатно било да има збунетост во однос на значењето кое треба да се даде на зборот „политичко“, поим кој може да подразбира прашања кои се толку различни како партиско политичко емитување во избории периоди како и изразување од јавен интерес од страна на невладина организација.
66. Во одговор на прашањето „Дали платеното политичко рекламирање во емитувањето е забрането во вашата земја?“, во истражувањето се утврдило следното:
„Земји во кои има забрана за платено политичко рекламирање
Платеното политичко рекламирање е забрането со закон во големо мнозинство од западноевропските земји како што се Белгија, Данска, Франција, Германија, Ирска, Малта, Норвешка, Португалија, Шведска, Швајцарија и САД. Неколку земји од Централна и Источна Европа, како што се Република Чешка и Романија, исто така имаат забрана за платено политичко рекламирање.
Најтрадиционалното оправдување за оваа забрана е ризикот дека добро воспоставени партии ќе можат да си дозволат значително повеќе рекламно време отколку нови и малцински партии – на тој начин доведувајќи до дискриминаторска пракса. Друго образложение кое се дава за ограничувањето или забраната е ризикот од поделеност во општеството и да доведе до загриженост на јавноста. Исто така беше сугерирано, иако поретко, дека со забраната би се штител квалитетот на политичката дебата.
Земји кои дозволуваат платено политичко рекламирање.
Платено политичко рекламирање е дозволено во многу центалноевропски и источноевропски земји како што се Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Поранешната Југословенска Република Македонија, Полска и балтичките земји, Естонија, Латвија и Литванија. Во неколку земји како што се Босна и Херцеговина (шеесет дена пред денот на изборите) и Хрватска, политичкото рекламирање е дозволено само во текот на изборниот период.
Често се занемарува фактот дека неколку земји во Западна Европа, како што се Австрија, Финска, Луксембург (во моментот, тоа ќе се измени наскоро) и Холандија исто така дозволуваат платено политичко рекламирање.
Во Италија, до 2003 платено политичко рекламирање, т.е. медиумски простор за кој медиумите сами одлучуваат бил дозволен за националните радиодифузери, под услов тие да имаат „простори за политички комуникации“ ... што значи дебатни програми со учество на политички претставници, сега е дозволено само за локалните радиодифузери и не смее да чини повеќе од 70’% од цената која важи за комерцијални реклами, додека пак националните радиодифузери можат да емитуваат политички реклами само бесплатно.
Во Грција, иако има постојана и далекусежна забрана за политичко рекламирање на лица, платеното политичко рекламирање на политички партии не е забрането.
Во Шпанија, иако забраната за политичко рекламирање постојано важи за телевизиски медиуми, шпанскиот Изборен законик дозволува платено изборно рекламирање на комерцијални радио станици, само во текот на изборниот период.
Главното објаснување за платеното политичко рекламирање е што може да овозоможи да бидат запознати и да се профилираат нови кандидати. Исто така често се тврди дека правото на политичко рекламирање е интегрален дел на правото на слобода на изразување и информирање.“
67. Што се однесува на опсегот на забраната за политичко рекламирање, во истражувањето се кажува:
„По правило, политичкото рекламирање не се однесува исклучиво на изборниот период, или на политички партии или кандидати. Рекламирањето на други прашања, кои се одраз на важни општествени дебати, како што се права на животните, еколошки прашања, абортус итн (често викано политичка пропаганда или рекламирање за конкретни прашања) може да се смета дека служат за политички цели или дека се политички по природа и затоа може да се сметаат за политичко рекламирање.
Земји со далекусежна забрана
Tаков е случајот на пример во Франција, Ирска, Островото Ман, Израел, Малта, Шпанија и САД. Во Ирска, забраната се применува на секакво рекламирање, за кое може да се каже дека е со политичка природа и на сите групи кои се со политички карактер. Во оваа смисла таа се применува во најширока смисла и не е ограничена само на изборни кампањи или гласање на реферундуми. Во Израел, забраната се применува постојано и на политички партии како и на други интересни и општествени групи.
На Островот Ман, терминот „политичко“ се користи во поширока смисла отколку „партиско политичко“. Таа забрана се однесува, на пример, на кампањи за конкретни прашања со цел да се врши влијание на закони или извршни дејствија на владата или локалните власти.
Во Франција, забраната се однесува на политички партии и кандидати, но исто така и на секоја организација чии рекламни пораки би биле насочени кон политичка цел. На здруженијата (повеќето интересни и социјални групи се основани како такви здруженија) не им е дозволено да емитуваат рекламни спотови. Здруженијата со добротворни цели можат да емитуваат таканаречени “messages d’intérêt general” (рекламни пораки од општ интерес) кое не треба да содржат никаква политичка порака.
Во Шпанија, забраната се применува постојано и не се прецизираат групите на кои се однесува.
Во Малта, забраната се применува постојано освен за одобрени шеми на политичко емитување. Параграф 1(ѓ) од третиот распоред забранува рекламирање од политичка природа и тоа секогаш се сметало дека се применува со негово рестриктивно толкување на политички партии. Сепак, регулаторното тело има прифатено поекстензивно толкување и ја има применето забраната за рекламирање и на други организации како што се синдикати. кои имаат цели кои можат да се оквалификуваат како политички во широка смисла.
Земји во кои забраната има поограничен опсег
Во Швајцарија како последица на [пресудата во VgT] ... определени форми на „политичко“ рекламирање сега се дозволени. НВО или општествени групи може да имаат реклами со определена политичка содржина, но, не пред избори или во кампањи пред референдум. Сепак, забраната за рекламирање на политички партии и кандидати останува во сила.
Слично, во Данска – како последица на пресудата спомената погоре – постојаната забрана за политичко рекламирање на телевизија се однесува на рекламирање на политички партии, политички движења и политички кандидати како и на рекламирање на синдикати и религиозни движења. Забраната не се смета дека се однесува на политички движења во поширока смисла како што се еколошки и општествени групи освен кога тие групи се номинирани од политички тела или здруженија.
Понатаму, данското законодавство не дозволува реклами со политички пораки да се емитуваат во време на изборни кампањи, каде целосната забрана се смета за неопходна за да се заштитат гласачите од несоодветно влијаење и за да се осигураат еднакви демократски права на кандидатите без оглед на нивните економски можности или финансирање. Политичко рекламирање и водење кампањи не е забрането на други медиуми како што се радио емитувања.
Во Норвешка, забраната се применува постојано на сите групи и партии кои промовираат политички цели. Сепак, забраната ќе се толкува од аспект на член 10 од Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права којашто се однесува на тој член.
Во Шведска, само радиодифузери кои се подложни на услови на непристрасност не можат да имаат политички реклами. Дозволите за ДТТ [дигитална терестријална телевизија] комерцијални канали, по правило не содржеле таков услов и затоа биле слободни да емитуваат политички реклами. Од 1 март 2006 ова сепак не се однесувало на ДТТ дозолите на ТВ4 за нивните тематски канали. Новите дозволи за тематските канали на ТВ4 сепак, не вклучуваат услов за непристрасност, што значи дека тие можат да емитуваат политички реклами.
Во Италија, зборот „политичко“ се користи во многу тесна смисла, други интересни групи би спаѓале во она што сега се викаат „социјални“ пораки. Сите радиодифузери можат да емитуваат пораки со социјално корисна содржина (ова не е дефинирано и исто така може да биде платено, под услов цената да не надминува 90% од цената на комерцијалните реклами). Овие пораки (платени или бесплатни) не се земаат предвид при пресметувањето на временските лимити по час/ден и не можат, заедно, да траат повеќе од 4 минути на ден.
Во некои земји, фокусот на забраната е на изборите и на изборниот период (на пр. Република Чешка) или на политички партии и кандидати (на пр. Белгија...). Рекламирањето за конкретни прашања не е споменато.“
68. Определени држави дозволувале политичко рекламирање под услов на некои ограничувања, а некои држави немале никакви ограничувања:
„Земји во кои има ограничување на платеното политичко рекламирање
Повеќето земји кои дозволуваат политичко рекламирање исто така предвидуваат определени правни ограничувања за да се избегне дискриминаторскиот карактер на таа пракса. Тука спаѓаат лимити на траењето и фреквентноста на политичките огласи (на пр. [Поранешната Југословенска Република Македонија] Босна и Херцеговина), нивното распоредување (на пр. [Поранешната Југословенска Република Македонија]: не може да биде за време на вести, детски програми), лимити на цените за таквите реклами (на пр. Босна и Херцеговина каде ценовниците мора да бидат поднесени до регулаторното тело за проверка 15 дена пред изборниот период) или максиммален износ на трошоци за избори којшто е дозволен со закон (Грција, Латвија во време на избори за Saeima (Парламент) и Европски парламент една партија не може да потроши повеќе од 0,20 латвиски лати (0,284 евра) помножено со бројот на гласачи од претходни избори), обврски за означување/идентификација (на пр. Кипар, [Поранешната Југословенска Република Македонија]: платеното политичко рекламирање мора да биде соодветно и видливо означено, од почетокот до крајот на програмата како „платеното политичко рекламирање“). Во Унгарија, радиодифузерите мора да им обезбедат на сите партии еднакви услови (иста цена, ист програмски период итн), но нема конкретни ограничувања во однос на квантитетот на политичко рекламирање.
Треба да се воочи дека во неколку земји, како во [Поранешната Југословенска Република Македонија], на јавниот радиодифузен сервис не му е дозволено да емитува платенот политичко рекламирање, тоа е дозволено само на приватните радиодифузери.
Земји во кои нема ограничувања за платеното политичко рекламирање
Tаков е случајот, на пример, во Австрија, Естонија, Финска и Полска. Во Полска, прашањето за ограничување на политичко рекламирање е регулирано од страна на секој радиодифузер преку интерни правилници за рекламирање.
Aнализа и коментари:
•Често споменуваната поделба Исток-Запад во однос на забраната за политичко огласување, дури и ако одразува реален тренд, во определена мера може да доведе до погрешно мислење. Западноевропските земји кои ја дозволуваат оваа практика често се забораваат во споредбени анализи.
•Со оглед на различните ставови по ова прашање, Советот на Европа не зазема позиција за тоа дали платеното политичко рекламирање треба да биде прифатено или не, и само кажува во својата Препорака „дека ако платено рекламирање е дозволено тоа треба да биде предмет на некои минимални правила (...)“.
•Повеќето земји кои дозволуваат платено политичко рекламирање имаат воведено некои лимити така што оваа практика не е секогаш нужно дискриминаторска. На сите партии може да им бидат понудени исти можности. Сепак, оваа „еднаквост на можности“ е реална само кога сите партии ги имаат потребните средства на располагање за да ја купат истата количина на време [за рекламирање]. ...“
69. Во истражувањето се резимираат проблематичните прашања на следниот начин:
„Тоа што нема изречни дефиниции и големата различност на национални традиции е многу веројатно дека ќе создаде збунетост помеѓу европските колеги кога се повикуваат на политичко рекламирање. Генерално, зборот „рекламирање“ во смисла на политичко рекламирање се користи во најширока смисла како политичка пропаганда. По правило, националните одредби за рекламирање не се применливи затоа што тие наложуваат плаќање или слични работи. Сепак, во некои земји, политичкото рекламирање е подложно на општите законски одредби за рекламирање.
...
Прилично изненадувачки, неколку земји не наметнуваат никакви ограничувања на платеното политичко рекламирање. Сепак, тоа не се чини дека создава било каков конкретен проблем или дека создава било каква загриженост. ...
Во големото мнозинство на земји, на партиите и/или кандидатите обично им се дава бесплатно време за емитување, често, но не само на, јавниот радиодифузен сервис за да ги претстават нивните програми. Интересно е да се воочи дека таков систем не постои во неколку земји, во кои нема официјален систем на изборна кампања на телевизија. ...
Понекогаш се тврди дека ако кандидатите и партиите имаат фер пристап кон бесплатно време на емитување во текот на изборни кампањи, има помала (или нема) потреба за платено политичко рекламирање. Ова не може систематски да се провери во пракса затоа што системот за доделување на бесплатно време на емитување не спречува некои земји да дозволат платено политичко рекламирање. ...
Во многу (западно) европски земји, најгорливо прашање се чини дека е „рекламирањето за конкретни прашања“, што значи пораки со политичка цел кои произлегуваат од организации коишто не се политички партии, како што се интересни или општествени групи. После пресудата на ЕСЧП, неколку земји го ограничија опсегот на забраната за политичко рекламирање за да дозволат такви спотови – вон изборните периоди. ...“
Резимето завршува со следното прашање:
„Дали сегашните целосни забрани (вклучително и за рекламирање за конкретни теми) се оправдани на “релевантен и доволен начин“ за да ја поминат оцената на ЕСЧП? Дали тие претставуваат непропорционално ограничување на слободата на изразување?“
2. ЕПРТ: Документ на работната група 1 за „Политичко рекламирање“, 30-ти состанок на ЕПРТ, октомври 2009 година
70. Во овој документ се даваат коментари на неодамнешната судска пракса согласно Конвенцијата. Во него се воочува дека случајот VgT отворил нова перспектива затоа што сега се чинело дека член 10 наложува позитивна интервенција од страна на државата за имплементирање на облик на правото на емитување преку рекламниот простор. Во документот се споредува пресудата во Appleby and Others v. the United Kingdom (no. 44306/98, ECHR 2003‑VI), во која се нагласува вредноста на пристапот до други медиуми, и случајот Murphy цитиран погоре во кој не се прифатени аргументите засновани на VgT.
3. Друга споредбени материјали
71. Додека истражувањето на ЕПРТ од 2006 се однесувало и на неколку држави кои не се договорнички на Конвенцијата, Судот анализираше 34 држави договорнички вклучувајќи 7 (Монако, Русија, Сан Марино, Србија, Словенија, Турција и Украина) кои не беа опфатени во истражувањето на ЕПРТ. Од извештајот на ЕПРТ од 2006, има релевантни промени во регулаторните режими на 25 држави договорнички, повеќето од кои се релативно важни.
72. Од 34 анализирани држави, 19 држави забрануваат платено политичко рекламирање во некој облик. Во тој поглед, опсегот на забраната во 7 држави (Република Чешка, Франција, Германија, Ирска, Португалија, Шпанија и Шведска) како и Обединетото Кралство може да се смета за широк или заради широката дефиниција на „политичко’, или заради нејзината примена надвор од изборните периоди или и од двете причини. Сепак, дури и за тие 7 држави, дефиницијата и толкувањето на „политичко“ се разликува толку што забраната може да се тврди дека е (Ирска) или била (Република Чешка, Франција, Германија, Португалија и Шпанија) применета за да се додели време во етерот на некои НВО (како што се Црвен Крст, Гринпис) на определени владини организации (како што е УНХЦР) и на некои домашни добротворни организации. Трендот во големото мнозинство на држави договориички кои беа анализирани е да се дозволи емитување на реклами од определен општествен интерес од некои тела.
Д. Документи на Советот на Европа
73. Препораката R(1999)15 на Комитетот на министри за мерки во врска со медиумско покривање на изборни кампањи предвидуваше:
„5. Платено политичко рекламирање
Во државите членки во кои на политичките партии и кандидати им е дозволено да купуваат рекламен простор за изборни цели, регулаторната рамка треба да осигура дека:
- можноста за купување на рекламен простор треба да биде достапна на сите страни кои се натпреваруваат, под еднакви услови и цени;
- јавноста знае дека пораката е платено политичко рекламирање.
Државите членки може да размислат за воведување на одредба во нивната регулаторна рамка за ограничување на големината на политичкиот рекламен простор кој дадена партија или кандидат може да го купи.“
74. Во објаснувачкиот меморандум на таа Препорака се воочуваше.
„Платено политичко рекламирање
Платеното политичко рекламирање во радиодифузните медиуми традиционално било забрането во многу држави членки на Советот на Европа, додека пак прифатено во други. Една од главните предности е можноста која ја дава на сите политички сили широко да ги дисеминираат нивните пораки/програми. Од друга страна, тоа може да даде нефер предност на тие партии или кандидати кои можат да купат големи количини на време во етерот.
Со оглед на различните позиции по ова прашање, со Препораката не се зазема став за тоа дали оваа практика треба да се прифати или не, само се ограничува на тоа што кажува дека ако платеното рекламирање е дозволено тоа треба да биде предмет на некои минимални правила: под еден, еднаков третман (во смисла на пристап и цени) на сите партии кои бараат време во етерот, и под два, дека јавноста знае дека пораката е платена.
Исто така може да се смета за важно да се постават лимити на квантитетот на платени реклами кој може да го купи една партија. Сепак, Препораката не прецизира дали е пожелно да се стори тоа ниту пак поставува било какви прецизни лимити на обемот на политичко рекламирање, затоа што се смета дека одлуката по ова прашање треба да се донесе на национални ниво.“
75. На 7 ноември 2007 Препораката Rec(2007)15 ја измени R(1999)15. Во Нацрт објаснувачкиот меморандум се воочуваше:
„78. Со оглед на различните позиции по ова прашање, Препораката КM/Rec(2007) ... не зазема став за тоа дали оваа пракса треба да се прифати или не, и само се ограничува на тоа што кажува дека ако платеното рекламирање е дозволено тоа треба да биде предмет на некои минимални правила, особено дека еднаков третман (во смисла на пристап и цени) се дава на сите партии кои бараат време во етерот.“
ПРАВО
I НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 10 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
76. Жалителот се жалеше по член 10 на законската забрана за платено политичко рекламирање на радио и телевизија („забраната“). Член 10, во делот кој е релевантен, гласи:
„1. Секој има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. ...
2. Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.“
A. Допуштеност
77. Судот смета дека жалбата не е очигледно неоснована во смисла на член 35, став 3 (а) од Конвенцијата. Исто така воочува дека таа не е недопуштена по било кој друг основ. Затоа мора да биде прогласена за допуштена.
Б. Основаност
78. Странките се согласија дека забраната претставувала мешање во правата на жалителот од член 10, дека мешањето било „предвидено со закон“ (член 319 и член 321 од Законот од 2003) и дека имала цел на зачувување на непристрасноста во емитувањето на прашања од јавен интерес и, со тоа, заштитување на демократскиот процес. Судот прифаќа дека ова одговара на легитимната цел на заштитување на „правата на другите“ на која упатува вториот став од член 10 (VgT Verein gegen Tierfabriken v. Switzerland, no. 24699/94, § 62, ECHR 2001‑VI; and TV Vest AS and Rogaland Pensjonistparti v. Norway, no. 21132/05, § 78, ECHR 2008 (extracts)). Спорот помеѓу странките се однесуваше на тоа дали мешањето било „неопходно во демократско опшество“ и Судот сега ќе го разгледа тоа прашање.
1. Аргументи на жалителот
79. Жалителот ја нагласи јачината на заштитата која Конвенцијата ја дава на политичкото изразување и изразувањето во јавен интерес, тврдеше дека мешањето било широко дефинирано и сметаше дека тоа претставува облик на претходно ограничување. Затоа требало да се примени ограничено поле на слободна оцена [narrow margin of appreciation] и строга оцена (VgT, цитиран погоре). „Нешто поширокото поле на слободна оцена“ [“somewhat wider margin of appreciation”] споменато во TV Vest (цитиран погоре) било релевантно само во делот во кој државата се повикува на посебните обележја на националната ситуација кои посебно го оправдуваат ограничувањето (како во Murphy v. Ireland, no. 44179/98, ECHR 2003‑IX (extracts)), а ситуацијата не била таква во сегашниот случај. Широкото поле на слободна оцена дадено од домашните судови на законодавното тело било несоодветно затоа што законодавното тело било составено од политички партии кои имале погодности од оспорената забрана.
80. Главниот аргумент на жалителот беше дека забраната за платено политичко рекламирање била премногу широка за да биде пропорционална од следните причини.
81. Најпрво, забраната била премногу широко дефинирана. Иако жалителот ја прифати неопходноста од забраната во предизборните периоди, сметаше дека нејзиното задржување надвор од тие периоди е непропорционално за општествените групи за застапување по прашања од јавен интерес. Забрана која прави разлика помеѓу „партиска политика“ и општествено застапување во јавен интерес би била принципиелна, изводлива и пропорционална. Според жалителот, била направена разлика помеѓу двата поими во член 321, став 3 од Законот од 2003, а и други земји ја правеле таа разлика. Широката дефиниција неоправдано ја ограничувала можноста малите групи за кампањи да воспостават врска со јавноста за прашања од јавен интерес. Со неа се создавал монопол во полза на докажани политички партии кои имале пристап, иако тој бил регулиран, до радиодифузните медиуми преку бесплатни партиски политички и партиски изборни емитувања. Забраната затоа ја извитоперувала јавната дебата. На крај, било финансиски тешко да се основа добротворен огранок на некоја организација за да се емитува реклама за неполитичко прашање така што со забраната се фаворизирале тела кои имале многу финансиски средства.
82. Второ, различниот пристап кон радиодифузните и другите медиуми бил недокажан, нефлексибилен и непотребен. Владата претпоставила дека радиодифузните медиуми се најмоќни и скапи без било каков доказ, анализа или споредбени истражувања. Со оглед на растечкото влијание на други видови на убедливи медиуми, имало убедливи причини да се верува дека тие идеи може сега да бидат погрешни. Владата погрешно се повикала на претходни одлуки на овој Суд во однос на моќта на аудио-визуелните медиуми. Во секој случај, немало никаква смисла да се ограничи пристап до радиодифузните медиуми, а да се дозволи пристап до други убедливи и широко распространети медиуми. Ако радиодифузните медиуми биле особено моќни, тоа би било причина да се емитува политички говор и иако повеќе не биле моќни во споредба со, на пример, интернетот, оправдувањето на државата за забраната отпаѓало. Целта на Владата за спречување на преземањето на радиофузните медиуми од страна на богатите и моќните не била постигната затоа што сите (богати и сиромашни) биле исклучени од емитување, но, богатите сѐ уште можеле да монополизираат други моќни медиуми.
83. Tрето, пропорционалноста на една општа мерка требала да се тестира и да се покаже со, практичната и фактичка реалност на секој поединечен случај. Повикувајќи се на пресудата во VgT, жалителот нагласи дека ниту самата организација ниту нејзината реклама се сметале за непожелни, а забраната им ја оневозможувала приликата да отворат важно прашање од јавен интерес и да одговорат на емитувања за примати кои се веќе во јавноста.
84. Четврто, не било докажано дека има ризик за компромитирање на непристрасноста на емитувањето без забраната или дека трите механизми за кои се вели дека осигуруваат непристрасност во емитувањето се независни.
85. Жалителот исто така тврдеше дека забелешките за помалку рестриктивен систем не го оправдувале задржувањето на забраната. Стравовите од извитоперување на јавната дебата од страна на богатите и моќните интересни групи биле претерани и недокажани. Други европски држави успеале да дефинираат други регулаторни рамки со кои се постигнувала целта без последиците од кои се стравува. Генерализациите инспирирани од Соединетите Американски Држави не биле применливи во Обединетото Кралство.
86. Жалителот сметаше дека релевантната судска пракса (пресудите цитирани погоре во VgT и TV Vest како и Verein gegen Tierfabriken Schweiz (VgT) v. Switzerland (no. 2) [GC], no. 32772/02, 30 June 2009) биле директно применливи во случајот на организацијата и во нејзина полза. Рекламите и огласувачите не биле навредливи, огласувачите не биле моќни, и, особено во TV Vest, Судот ги отфрлил аргументите на Владата на Норвешка за одлуката да се донесе генерална мерка за заштита на јавната дебата од моќни финансиски групи. Случаите VgT и TV Vest не требало да биде ограничени само на фактите на тие случаи. Без разлика на тоа дали жалителот одговарал на започната дебата или започнувал дебата или не, карактерот на изразувањето кое било од јавен интерес бил одлучувачки во VgT и така требало да биде и во овој случај. Како што посочувала пресудата во TV Vest, посебната чувствителност до која доведувало изразувањето на верски погледи значела дека случајот Murphy требало да се разликува. Понатаму, аргументот дека пресудата VgT била погрешна бил неубедлив: таа пресуда била разгледана и потврдена три пати (во Murphy, VgT бр. 2 и TV Vest) и немало ништо ново или уверливо во аргументите на Владата. Јасните прецеденти требало да се следат во интерес на правната сигурност и кохерентниот развој на судската пракса на Конвенцијата.
87. На крај, жалителот се согласи дека Европската конвенција за прекугранична телевизија (која го штити прекуграничното емитување и рекламирање) се применувала на платеното политичко рекламирање. Жалителот исто така се повика на „Директивата без граници“ посочувајќи дека, иако државите можеле да наложат построги барања кон давателите на медиумски услуги, бил потребен заеднички пристап во цела ЕУ во врска со прашањето за слобода на изразување и емитувано рекламирање.
2. Аргументи на Владата
88. Владата остана на тврдењето дека Парламентот ја сметал забраната за потребна за да се избегне неприфатливиот ризик дека политичката дебата ќе биде извитоперена во полза на реклами на богатите емитувани на најмоќните и најскапите медиуми. Нерегулираното емитување на платени политички реклами би го претворило демократското влијание во погодност која би ја нарушила непристрасноста во емитувањето и демократскиот процес. Целта била да се зајакне политичката дебата, а не таа да се ограничи.
89. Tаа тврдеше дека мешањето било пропорционално од причините на кои се повикуваат домашните органи во текот на донесувањето и преиспитувањето на забраната. Одбраниот регулаторен режим бил предвиден за да ги балансира, од една страна, слободата на политички говор, и, од друга, неспристрасноста на тој говор и заштита на демократскиот процес. Овие важни цели се постигнувале со три меѓусебно поврзани механизми: забраната, законската должност за непристрасност која ја имаат само радиодифузерите (член 320 од Законот од 2003) и бесплатни емитувања на партиски политички, партиски изборни и референдумски кампањи. Она што требало да се испита била пропорционалноста на забраната како генерална мерка, а не нејзината примена на фактите на овој случај. Образложението дека треба да се испита нејзината примена на фактите на овој случај погрешно претпоставувало, дека било возможно, изводливо и дозволено еден државен орган да прави разлика помеѓу огласувачите или рекламите во контекст на општествена дебата или поинаку да применува ограничување на политичкото огласување од случај до случај.
90. Владата сметаше дека забраната е пропорционална поради определени клучни причини.
91. Најпрво, опсегот на забраната бил ограничен колку е можно повеќе на нејзината суштинска цел додека, во исто време, избегнува проблематични проценки од случај до случај. Се однесувала само на платено рекламирање. Се однесувала само на најраширените и најубедливите медиуми, а жалителот имал пристап до други многу корисни медиуми.
92. Второ, пристапот до радиодифузните медиуми бил скап и без забраната само групите кои имаат доволно финансии би можеле да си дозволат таков пристап. Не било во интерес на жалителот ако на неговите реклами било одговорено со лавина емитувани реклами на групи со многу финансиски средства кои имаат спротивно мислење. Владата доставила докази до домашните судови за трошоците на рекламирањето во радиодифузните медиуми, она што било важно било тоа што цената била доволно висока за да се исклучат повеќето невладини организации („НВО“) и потсети дека изјавата на жалителот во домашната постапка воочувала дека буџетот за реклами на комерцијалниот сектор за еден ден бил поголем од оној на НВО сектор за една година.
93. Tрето, дозволувањето на емитување на платено политичко рекламирање би ја нарушило непристрасноста во радиодифузијата. Низа на сложени правила би требало да се донесат за да се осигура дека ниту еден единствен став/огласувач нема да стекне непотребна истакнатост вклучувајќи: јасно да се идентификува дека се работи за политичкото рекламирање и да се осигура дека тоа ќе остане потчинето на другите форми на изразување, да се ограничи процентот од приходите на радиодифузерите од политичко изразување и да се избегне арбитрерност. Таквата низа на правила би било тешко да се примени без наводи за дискриминација или без да се наруши принципот на непристрасност и би било тешко да се контролира и да се одржи со правна сигурност.
94. Четврто, емитувањата на партиски политички, партиски изборни и референдумски кампањи (еден од трите аспекти на регулаторниот систем) го ублажувале влијанието на оспорената генерална мерка.
95. Понатаму, Владата тврдеше дека функцијата на Судот била ограничена на испитување дали решението донесено од Парламентот можело да се смета дека воспоставува правична рамнотежа и дали влегува во применливото поле на слободна оцена, или не. Иако случајот се однесувал на политички говор, целта била да се задржи неговиот интегритет и непристрасност. Пресудата во TV Vest потврдила дека тоа што нема консензус одело во прилог на нешто пошироко поле на слободна оцена. Тоа била деликатно балансирање на спротивставени интереси, кое подразбурало детално разгледување и отфрлање на помалку рестриктивни алтернативи на различни експертски тела и демократски избрани политичари кои биле особено чувствителни на мерките кои се потребни за да се заштити интегритетот на демократскиот процес. Парламентот имал право да оцени дека целта ја оправдувала забраната и таа била донесена без ниту еден глас против. Потоа таа биле ценета од домашните судови кои се согласиле со причините и опсегот на забраната. Затоа, и со оглед на применливото поле на слободна оцена, овој Суд би погрешил ако не верува во решението кое е внимателно изнајдено од страна на релевантните домашни органи во сложена област. Што се однесува на наводниот судир на интереси на политичкот естаблишмент во оценувањето на неопходноста на забрана, искуството во Соединетите Американски Држави покажува дека нерегулиран систем фаворизирал политичари и не бил во полза на малцинска партија.
96. Владата се повика на изјавата дадена пред суд од Генералниот директор на МКМС (параграф 12 погоре) кој давал приказ и се повикувал на мислењето на МКМС за потребата од забраната и за алтернативите на забраната (параграфи 50-52 погоре). Владата ги истакна следните аспекти.
Tаа воочи дека Парламентот имал право да смета дека забраната не можела да се ограничи на изборните периоди затоа што оние кои се богати би можеле во секое време да го хранат електоратот со пристрасен став и со тоа да го дисторзираат самиот изборен процес. Ако забранатата во текот на изборни периоди би била конзистентна со член 10 (што било прифатено од жалителот) за да се заштити изборниот процес, било фактичко прашање и прашање на тоа во кој обем било потребно да се има забрана во било кое време за истата цел. Таа нагласи дека забраната не можела да се ограничи на политичките партии. Таа тогаш би била лесно заобиколена од партии кои се кријат зад групи од јавен интерес на тој начин извртувајќи ја политичката агенда. Понатаму, немало јасна и изводлива разлика помеѓу политичките партии и телата за општествено застапување. Таа нагласи дека обидувањето да се избегне политичка содржина не било реалистично затоа што било тешко да се замисли тело за општествено застапување чијашто реклама не настојува да ги промовира неговите цела. Всушност, секоја реклама на такво тело би ги застапувала неговите политички цели, па дури и само со зголемување на неговата препознатливост или помагање во прибирањето финансиски средства. Ако едно тело сакало да има реклама за неполитички прашања, сѐ што требало да стори (како што многу такви тела тоа го направиле) е да воспостави добротворен огранок. На крај, Владата нагласи дека ставањето на финансиски лимити на групи кои настојуваат да емитуваат реклами можело лесно да се избегне од богатите со распределба на средства на повеќе поврзани групи или на групи основани за таа цел. Финансиските лимити на определени политички гледишта би биле исто така тешки за објективно да се подготват и да дејствуваат. Ограничувањето на бројот на политички термини за емитувања кои се достапни неизбежно би довело до прашања за неправичност и дискриминација додека пак било изводливо да се изработат правила за доделување на партиски политички емитувања преку регистрирани политички партии и/или изборни резултати.
97. Споредбеното истражување на ЕПРТ ја поддржувало позицијата на Владата. Само во 4 држави ова прашање било целосно нерегулирано. Имало „далекусежни забрани“ во Франција, Ирска, Малта, Шпанија и Обединетото Кралство. Додека три држави (Швајцарија, Данска и Норвешка) дозволувлале рекламирање на групи за општествено застапување, тие сметале дека на тоа се обврзани со пресудата во VgT, чијшто опсег и последици се во прашање во овој случај. Во секој случај, иако има широк европски консензус дека е потребно регулирање на радиодифузните медиуми, немало консензус за како тоа да се направи. Всушност, Комитетот на министри кога го разгледувал ова прашање во 1999 и 2007 (види параграфи 73-75 погоре) не препорачал заеднички пристап во Европа. Директивата телевизија без граници се применувала на комерцијално рекламирање само и во секој случај, предвидувала дека не може да се употреби за да се избегнат построги национални правила. Истото важело за Директивата за аудио-визуелни медиумски сервиси. Постојаниот комитет на Европската конвенција за прекугранична телевизија на неговата седница од јули 2010 година, заклучил дека политичкото рекламирање било надвор од надлежноста на ЕУ.
98. Владата истакна детални аргументи за судската пракса на овој Суд и, особено, на пресудите во VgT, Murphy и TV Vest споменати погоре.
Tаа тврдеше дека пресудата VgT треба да биде ограничена на фактите на тој случај затоа што жалителот се обидувал да врати рамнотежа во дебата којашто веќе била започната, додека во овој случај жалителот сакал да започне дебата за третманот на приматите. Како алтернативен аргумент, пресудата VgT не требало да се следи. Со неа не била прифатена утврдената потреба за посебен пристап кон аудио-визуелните медиуми поради нивната распространетост и моќ. Со неа не се одговарало на оправдувањето на генералните мерки и затоа не одговорила, адекватно или не одговорила воопшто, на определени прашања кои се релеватни за таквите мерки. Пресудата во VgT (бр. 2) не била релевантна затоа што Судот не навлегол во материјалното прашање кое сега се разгледува по член 10 од Конвенцијата. Што се однесува на TV Vest, фактите се разликувале: жалителот била малцинска политичка партија, но законската должност за непристрасност и бесплатни емитувања на партиски политички, партиски изборни и референдумски кампањи, не постоела во Норвешка. Иако пресудата во TV Vest потврдувала дека отсуството на европски консензус го проширувало полето на слободна оцена на државите, таа исто така не го оценила ограничувањето како генерална мерка. Пресудата во Murphy ја испитувала забраната како генерална мерка и немало причина зошто разгледување од случај до случај би било непогодно за верски реклами, а погодно за политичко рекламирање.
3. Оцена на Судот за тоа дали мешањето било неопходно во демократско општество
99. Жалителот остана на ставот дека забраната била непропорционална затоа што забранувало платено „политичко“ рекламирање од групи за општествено застапување надвор од изборните периоди. Владата тврдеше дека забраната била неопходна за да се избегне извртување на дебати по прашања од јавен интерес преку нееднаков пристап до влијателни медиуми од страна на финансиски моќни тела и, на тој начин, да се заштити ефикасниот плурализам и демократски процес. Терминот политичко рекламирање кој се користи овде вклучува рекламирање за прашања од поопшт јавен интерес.
(a) Општи принципи
100. Општите принципи во врска со неопходноста од мешање во слободата на изразување беа резимирани во Stoll v. Switzerland [GC] (no. 69698/01, § 101, ECHR 2007‑V) и беа повторени понеодамна во Mouvement raëlien suisse v. Switzerland ([GC], no. 16354/06, § 48, 13 July 2012):
„(i) Слободата на изразувањето е една од суштинските основи на демократското општество и еден од основните услови за негов напредок и за самореализацијата на секој поединец. Под условите од став 2 на член 10, таа се применува не само на „информации“ или „идеи“ кои се позитивно примени или кои се сметаат за ненавредливи или прашања за кои постои рамнодушност, туку исто така и на оние кои навредуваат, шокираат или воззнемируваат. Такви се барањата на плурализмот, толеранцијата и отвореноста без кои нема „демократско општество“. Како што е предвидено со член 10, оваа слобода е подложна на исклучоци, кои ..., мора, сепак, да бидат толкувани строго, а потребата за било какви ограничувања мора да биде убедливо докажана ...
(ii) Придавката „неопходно“, во смисла на член 10, став 2 подразбира постоење на „неодложна општествена потреба“ [‘pressing social need’]. Државите договорнички имаат определено поле на слободна оцена при оценувањето дали постои таква потреба, но тоа оди паралелно со европски надзор, кој ги опфаќа и законодавството и одлуките со кои тоа се применува, дури и оние донесени од страна на независен суд. Судот затоа е овластен да донесе конечна одлука за тоа дали „ограничувањето“ може да се помири со слободата на изразување заштитена со член 10.
(iii) Задачата на Судот, при вршењето на неговата надзорна надлежност, не е да ги замени надлежните домашни органи, туку да ги преиспита по член 10 одлуките кои тие ги донесле врз основа на нивното овластување да оценуваат. Тоа не значи дека надзорот е сведен на утврдување дали тужената држава ја употребила својата дискрециона оцена разумно, внимателно и во добра вера, она што Судот мора да го направи е да го разгледа мешањето кое е предмет на жалба со оглед на случајот како целина и да утврди дали тоа било „пропорционално на легитимната цел која треба да јс оствари“ и дали причините кои биле дадени од домашните органи биле „релевантни и доволни“. При тоа, Судот мора да биде убеден дека домашните органи примениле стандарди кои се во согласност со принципите изразени во член 10 и, понатаму, дека тие се потпреле на прифатлива оцена на релевантните факти. ...“
Оваа заштита на член 10 се однесува не само на суштината на идеите и информации кои се изразени, туку исто така и на формата во која тие се пренесуваат (Jersild v. Denmark, 23 September 1994, § 31, Series A no. 298).
101. Судот исто така потсетува на принципите во однос на плурализмот во аудио-визуелните медиуми неодамаа наведени во Centro Europa 7 S.R.L. and Di Stefano v. Italy ([GC], no. 38433/09, ECHR 2012):
„129. ... Како што Судот често воочувал, не може да има демократија без плурализам. ...Во суштината на демократијата е да се дозволи различни политички програми да бидат понудени и за нив да се дебатира...под услов тие да не ја повредуваат самата демократија. ...
132. Аудио-визуелните медиуми како што се радиото и телевизијата имаат особена важна улога во тој поглед....
133. Ситуација во која на моќна економска или политичка група во општеството ѝ е дозволено да стекне позиција на доминација над аудио-визуелните медиуми на тој начин да врши притисок над радиодифузерите и на крај да ја ограничи уредувачата слобода, ја поткопува фундаменталната улога на слободата на изразувањето во демократско општество заштитена со член 10 од Конвенцијата, особено кога служи за пренесување на информации и идеи од општ интерес....
134. Судот забележува дека во таков чувствителен сектор како што се аудио-визуелните медиуми, покрај негативната должност за не мешање, државата има и позитивна обврска да воведе соодветна законска и административна рамка за да гарантира ефикасен плурализам ...
Имајќи го тоа на ум, треба да се воочи дека Препораката CM/Rec(2007)2 за медиумски плурализам и разновидност на медиумските содржини...Комитетот на министри уште еднаш потврдил дека „за да се заштити и активно да се промовира плуралистичко изразување на идеи и мислења како и културната различност, државите членки треба да ги прилагодат постечките регулаторни рамки, особено во однос на сопственост врз медиуми, и да донесат било какви регулаторни и финансиски мерки кои се потребни за да се гарантира транспарентност на медиумите, и структурален плурализам како и различност на содржината која се пренесува“.
Понатаму, со оглед на важноста на она за што се одлучува по член 10, државата е крајниот гарант на плурализмот (Informationsverein Lentia and Others v. Austria, 24 November 1993, § 38, Series A no. 276; и Manole and Others v. Moldova, no. 13936/02, § 99, ECHR 2009 (extracts)).
102. Што се однесува на опсегот на полето на слободна оцена кој треба да биде даден, треба да се повтори дека тој зависи од повеќе фактори. Тој е дефиниран од видот на изразувањето за кое станува збор и, во овој поглед, треба да се потсети дека има малку простор согласно член 10, став 2 за ограничувања на дебати по прашања од јавен интерес (Wingrove v. the United Kingdom, judgment of 25 November 1996, Reports of Decisions and Judgments 1996-V, § 58). Во таквите прашања спаѓа заштитата на животните (Bladet Tromsø and Stensaas v. Norway [GC], no. 21980/93, §§ 61-64 ECHR 1999-III; како и VgT Verein gegen Tierfabriken v. Switzerland, параграфи 70 о 72; и Mouvement raëlien suisse v. Switzerland, параграфи 59-61, последните две пресуди се цитирани погоре). Ова поле на слободна оцена е исто така намалено со силниот интерес на демократското општеството печатот да ја врши својата витална улога како контролор на јавноста (Editions Plon v. France, no. 58148/00, § 43, ECHR 2004‑IV): слободата на печатените и на други медиуми ѝ дава на јавноста едно од најдобрите средства за откривање и формирање на мислење за идеите и ставовите на политичките лидери. Задача на печатот е да пренесува информации и идеи за теми од јавен интерес, а јавноста исто така има право нив да ги добива (Handyside v. the United Kingdom, 7 December 1976, § 49, Series A no. 24; and Centro Europa 7 S.R.L. и Di Stefano v. Italy, цитирана погоре, параграф 131).
103. Затоа, Судот темелно ја оценува пропорционалноста на ограничување на изразувањето на медиумите во телевизиска програма на тема од општ интерес (Schweizerische Radio- und Fernsehgesellschaft SRG v. Switzerland, no. 34124/06, § 56, 21 June 2012). Во контекст на случајот кој е сега предмет на разгледување, мора да се воочи дека, кога една НВО го свртува вниманието кон прашања од јавен интерес, таа ја врпи улогата на контролор слична на улогата која ја имаат медиумите (Vides Aizsardzības Klubs v. Latvia, no. 57829/00, § 42, 27 May 2004).
104. Од овие причини, полето на слободна оцена кое треба да се даде на државата во овиј контекст е, во принцип, ограничено.
105. Судот, со оглед на сите фактори споменати погоре, ќе оцени дали причините истакнати како оправдување на забраната биле и „релевантни“ и „доволни“ и така и дали мешањето одговарало на „неодложна општествена потреба“ [“pressing social need”] и дали било пропорционално на легитимната цела која требало да ја оствари. Во тој поглед, не е задача на Судот да ги замени националните органи, туку тој мора да ги провери, со оглед на случајот како целина, одлуките на тие органи донесени врз основа на нивното поле на слободна оцена (Fressoz and Roire v. France [GC], no. 29183/95, § 45, ECHR 1999-I).
б) Воведни забелешки
106. Без разлика на тоа дали се тврдело дека е такво како во случајот VgT цитиран погоре, странките на случајот по кој сега се одлучува прифатија дека политичкото рекламирање може да биде регулирано со генерална мерка, а тие не се согласија во однос на опсегот на избраната генерална мерка. Треба да се потсети дека една држава може, во согласност со Конвенцијата, да донесе генерални мерки кои се применуваат на оданпред дефинирани ситуации без оглед на поединечните факти на секој случај дури и ако тоа може да доведе до одделни тешки случаи (Ždanoka v. Latvia [GC], no. 58278/00, §§ 112-115, ECHR 2006‑IV). Cпротивно на аргументот на жалителот, генерална мерка треба да се разликува од претходно ограничување наметнато на поединечен акт на изразување (Observer and Guardian v. the United Kingdom, 26 November 1991, § 60, Series A no. 216).
107. Неопходноста за генерална мерка беше испитана од Судот во најразличен контекст како што е економска и социјална политика (James and Others v. the United Kingdom, 21 February 1986, Series A no. 98; Mellacher and Others v. Austria, 19 December 1989, Series A no. 169; и Hatton and Others v. the United Kingdom [GC], no. 36022/97, § 123, ECHR 2003‑VIII) и осигурување и пензии (Stec and Others v. the United Kingdom [GC], no. 65731/01, ECHR 2006‑VI; Runkee and White v. the United Kingdom, nos. 42949/98 and 53134/99, 10 May 2007; и Carson and Others v. the United Kingdom [GC], no. 42184/05, ECHR 2010). Таа беше исто така разгледана во контекст на изборни закони (Ždanoka v. Latvia [GC], цитирана погоре); право на глас на затвореници (Hirst v. the United Kingdom (no. 2) [GC], no. 74025/01, ECHR 2005‑IX; и Scoppola v. Italy (no. 3) [GC], no. 126/05, 22 May 2012); вештачко оплодување за затвореници (Dickson v. the United Kingdom [GC], no. 44362/04, §§ 79-85, ECHR 2007‑V); уништување на замрзнати ембриони (Evans v. the United Kingdom [GC], no. 6339/05, ECHR 2007‑I); и помош при самоубиства (Pretty v. the United Kingdom, no. 2346/02, ECHR 2002‑III); како и во контекст на забрана за верско рекламрање (случајот цитиран погоре Murphy v. Ireland).
108. Произлегува од таа судска пракса дека, за да се утврди пропорционалноста на една генерална мерка, Судот мора пред сѐ да ги оцени легислативните одлуки на кои таа се заснова (James and Others, параграф 36). Квалитетот на парламентарното и судското преиспитување на потребата за таква мерка е од особена важност во тој поглед, вклучително и за дејствувањето на релевантното поле на слободна оцена (на пример, Hatton, параграф 128; Murphy, параграф; Hirst параграфи78-80; Evans, параграф 86; и Dickson, параграф 83, сите цитирани погоре). Исто така релевантно е да се земе предвид ризикот од злоупотреба ако генералната мерка биде ублажена, а кој ризик е пред сѐ на државата да го процени (Pretty, параграф 74). Беше одлучено дека генерална мерка е поизводливо средство за постигнување на летитимна цел отколку одредба која дозволува испитување од случај до случај, кога вториот вид на одредба доведувл до ризик од значителна несигурност (Evans, параграф 89), од спорови, трошоци и одолговлекување (James and Others, параграф 68 и Runkee, параграф 39) како и од дискриминацоја и арбитрерност (Murphy, параграф и76-77 и Evans, параграф 89). Примената на генералната мерка врз фактите на случајот останува, сепак, како илустрација на влијанието во пракса и затоа е релевантна за нејзината пропорционалност (види, на пример, James and Others, цитиран погоре, параграф 36).
109. Следува дека колку се поубедливи општите оправдувања за генералната мерка, толку помала важност Судот ќе придаде на нејзиното влијание во конкретен случај. Овој пристап на Судот на преиспитување на генерални мерки се потпира на елементи на неговата анализа во двата случаи VgT и Murphy цитирани погоре, а анализата од вториот случај беше применета и во TV Vest. Пресудата во VgT (бр. 2) од 2009 година (цитирана погоре) не е релевантнаа, затоа што се однесува на позитивна обврска на државата да изврши пресуда на овој Суд.
110. Главното прашање во однос на такви мерки не е, како што сугерираше жалителот, дали помалку рестриктивни мерки требало да бидат донесени или, всушност дали државата можела да докаже дека без забраната, легитимната цел не би била постигната. Наместо тоа, суштинското прашање е дали, со носењето на генералната мерка и воспоставување на рамнотежа, законодавното тело дејствувало во рамките на слободата на оценување која му е доделена (James and Others v. the United Kingdom, параграф 51; Mellacher and Others v. Austria, параграф 53; и Evans v. the United Kingdom [GC], параграф 91, сите цитирани погоре).
111. Покрај тоа, Судот воочува дека во оправдувањето дадено од Владата спаѓа потребата да се заштити изборниот процес како дел од демократскиот поредок и таа се повика на Bowman v. the United Kingdom (19 February 1998, § 41, Reports 1998‑I) во којшто Судот прифати дека законската контрола на јавната дебата била неопходна со оглед на ризикот кој го претставувала за правото на слободни избори. Жалителот ја оспори релевантноста на тој случај затоа што се однесувал на ограничување кое дејствувало само пред и во текот на избори. Иако ризикот за плуралистичките дебати, изборите и демократскиот процес на крај ќе биде поакутен во текот на изборниот период, пресудата во Bowman не сугерира дека тој ризик е ограничен на тие периоди затоа што демократскиот процес е континуиран и треба да се негува во секое време со слободна и плуралистичка јавна дебата. Всушност, во Centro Europa 7 S.R.L. and Di Stefano v. Italy (цитиран погоре, параграф 134), Судот не сугерирал дека потврдувањето на позитивна обврска да се интервенира за да се гарантира ефикасен плурализам во аудио-визуелниот сектор била ограничена на тој конкретен период.
Затоа, релевантно е да се потсети дека постои богатство на историски, културни и политички разлики во Европа, така што на секоја држава е да ја оформи својата демократска визија (Hirst v. the United Kingdom (no. 2) [GC], параграф 61; и Scoppola v. Italy (no. 3) [GC], параграф 83, цитирани погоре). Поради нивниот директен и континуиран контакт со виталните сили на нивните земји, нивните општества и нивните потреби, законодавните и судските органи се во подобра позиција да ги оценат конкретните потешкотии во зачувување на демократскиот поредок во нивната држава (Ždanoka v. Latvia [GC], цитирана погоре, параграф 134). Затоа на државата мора да ѝ биде доделена определена слободна оцена во однос на оваа оцена која зависи од земјата и која е сложена, која е од централна важност за законодавните одлуки за кои се одлучува во овој случај.
112. На крај, Судот воочува дека двете странки ја имаат истата цел, имено, зачувување на слободна и плуралистичка дебата за прашања од јавен интерес и, поопшто, придонесување кон демократскиот процес. Затоа од Судот се бара да го балансира, од една страна, правото на НВО жалител да пренесува информации и идеи од општ интерес кои јавноста има право да ги прима со, од друга страна, желбата на органите да ја заштитат демократската дебата и демократскиот процес од дисторзија од страна на моќни финансиски групи со привилегиран пристап кон влијателни медиуми. Судот потврдува дека таквите групи можат да стекнат конкурентска предност во областа на платени реклами и на тој начин да ја ограничат слободната и плуралистичка дебата, за која државата останува краен гарант. Регулирањето на емитувани дебати од јавен интерес затоа може да биде неопходно во смисла на член 10, став 2 од Конвенцијата. Иако и двете пресуди VgT и TV Vest изречно го потврдија тој принцип (види исто така, на пример, случајот цитиран погоре Centro Europa 7 S.R.L. and Di Stefano v. Italy), и во двете било одлучено дека дејствувањето на забраните за рекламирање за кои станува збор во тие случаи била непропорционална. Прашањето кое треба да се реши во овој случај е дали сегашната забрана отишла предалеку, со оглед на целите опишани погоре и полето на слободна оцена кое ѝ е дадено на тужената држава.
(в) Пропорционалност
113. Свртувајќи се затоа кон пропорционалноста на оваа генерална мерка, Судот, најпрво, го испита националното парламентарно и судско преиспитување на нејзината неопходност, кое преиспитување, од причните наведени во параграфи 106-111 погоре, е од централна важност во овој случај.
114. Иако забраната е интегрален дел на радиодифузијата во Обединетото Кралство уште од педесеттите години на минатиот век, нејзината неопходност била посебно преиспитана и потврдена од Комитетот Neill во неговиот извештај од 1998. Белата книга со предложена забрана затоа била објавена за коментари. Во тој момент (2001) пресудата VgT цитирана погоре беше донесена и во сите покасни фази на пред-законодавната анализа во детали било испитувано влијанието на таа пресуда врз компатибилноста со Конвенцијата на предложената забрана. После консултацијата за Белата книга, во 2002 нацрт закон бил објавен со детална Објаснувачка белешка којашто се занимавала со последиците од пресудата VgT. Сите подоцнежни специјализирани тела кои биле консултирани за тој нацрт закон (ЗКЧП, ЗКНЗК, НКТ и Изборната комисија) биле, од причини наведени детално погоре (параграфи 42-54), за задржување на забраната сметајќи дека, дури и после пресудата VgT, таа била пропорционална генерална мерка. Владата. Преку МКМС, играла важна улога во дебатата објаснувајќи ги често и детално нејзините причини за задржување на забраната и зошто ја сметала за пропорционална и отишла до таа мерка да го објавила правниот совет кој го добила за таа тема (параграфи 50-53 погоре). Законот од 2003 која ја содржи забраната потоа бил донесен со поддршка од сите партии и без ниту еден глас против. Забраната затоа била кулминација на исклучителна анализа од страна на парламентарните тела на културните, политичките и правните аспекти на забраната како дел од поширокиот регулаторен систем со кој се регулира емитувано изразување од јавен интерес во Обединетото Кралство и сите тела заклучиле дека забраната била неопходно мешање во правата по член 10.
115. Токму оваа конкретна надлежност на Парламентот и опширната пред-законодавна анализа на компатибилноста на забраната со Конвенцијата го објаснува степенот на самоограничување покажан од домашните судови во однос на одлуката на Парламентот да ја донесе забраната (посебно, параграфи 15 и 24 погоре). Пропорционалноста на забраната сепак, била дебатирана во определена мера пред Високиот суд и Димот на лордови. И двата судови ја анализирале судската пракса и принципите на Конвенцијата, се занимавале со релевантноста на пресудата VgT цитирана погоре и внимателно ја применила таа судска пракза врз забраната. Секој од судиите и во двете инстанци се согласил со целите на забраната како и со објаснувањето на законодавните одлуки кои го дефинираат нејзиниот конкретен опсег на примена и секој од нив заклучил дека таа била неопходно и пропорционално мешање во правата на жалителот од член 10 од Конвенцијата.
116. Судот, од своја страна, придава значителна тежина на овие прецизни и релевантни анализи, и од страна на парламентарните и од судските органи, на сложениот регулаторен режим со кој се регулира политичкото емитување во Обединетото Кралство и на нивниот став дека генералната мерка била неопходна за да се спречи дисторзија на клучни дебати во јавен интерес и, со тоа, поткопувањето на демократскиот процес.
117. Понатаму, Судот смета дека е важно што забраната била посебно предвидена за да се справи со конкретниот ризик од дисторзија којшто државата сакала да го избегне со минимално нарушување на правото на изразување. Затоа таа се применува на реклами со оглед на нивната инхерентно пристрасна природа (Murphy, параграф 42), на платени реклами со оглед на опасноста од нееднаков пристап заснован на богатство и на политички реклами (објаснето во параграф 99 погоре), затоа што се сметало дека тоа оди во суштината на демократскиот процес. Исто така таа е ограничена на определени медиуми (радио и телевизија) затоа што тие се сметаат за највлијателни и најскапи медиуми и дека претставуваат камен темелник на регулаторниот систем за кој станува збор во овој случај. Лимитите кои се ставени на едно ограничување се важни фактори при оценувањето на неговата пропорционалност (Mouvement raëlien suisse v. Switzerland [GC], параграф 75, цитиран погоре). Последователно, низа на други медиуми му биле достапни на жалителот и тие се опишани во параграф 124 подолу.
118. Сепак, жалителот не се согласи со објаснувањето на кои се засноваат законодавните одлуки донесени во однос на опсегот на ограничувањето.
119. Најпрво, жалителот тврдеше, повикувајќи се на параграф 77 од пресудата VgT, дка лимитирањето на забраната само на радио и телевизија било нелогично со оглед на споредбената моќ на поновите медиуми како што е интернетот. Сепак, Судот смета дека дистинкцијата заснована на посебното влијание на радиодифузните медиуми е кохерентна. Посебно, Судот го повтрдува непосредниот и моќен ефект на радиодифузните медиуми, влијание кое е уште повеќе зајакнато со континуираната фунција на радиото и телевизијата како познати извори на забава во интимноста на домот (Jersild v. Denmark, параграф 31; Murphy v. Ireland, параграф 74; TV Vest, параграф 60; и Centro Europa 7 S.R.L. and Di Stefano v. Italy, параграф, сите цитирани погоре). Понатаму, одлуките кои се инхерентни на употребата на интернетот и социјалните медиуми значат дека информациите кои произлегуваат од тие медиуми ја немаат истата синхронизираност или влијание како емитуваните информации. Затоа и покрај значителниот развој на интернетот и социјалните медиуми во последните години, нема докази за доволно сериозно поместување на влијанијата на новите и радиодифузните медиуми во тужената држава за да се доведе во прашање потребата за специјални мерки за вториот вид на медиуми.
120. Второ, жалителот истакна дека емитуваното рекламирање не било поскапо од другите медиуми, а Владата го оспори ова. Судот смета дека е доволно да се воочи, како и судијата Ousley J во Високиот суд (параграф 17 погоре), дека емитуваните реклами имале предност која огласувачите и радиодифузерите ја знаеле и за која огласувачите би платиле големи суми на пари, далеку над она што можат да го дозволат повеќето НВО кои би сакале да учествуваат во јавната дебата.
121. Tрето, жалителот сметаше дека обезбедувањето на бесплатни емитувања на партиски политички, партиски изборни и референдумски кампањи на политичките партии не било релевантно за пропорциоаалноста на забраната. Сепак, Судот смета дека ублажувањето на забраната на контролиран начин за тие тела кои се најцентрален дел на демократскиот процес мора да се смета за релевантен фактор во оцената на Судот на севкупната рамнотежа постигната со генералната мерка (параграфи 106-110 погоре), дури и ако жалителот не е засегнат од овој фактор.
122. Четврто, жалителот тврдеше дека Владата можела да го стесни опсегот на забраната со дозволување на реклами на групи за општествено застапување надвор од изборните периоди. Забелешките за помалку рестриктивна забрана биле прифатени од парламентарните и судските органи и во суштина две забелешки беа повторно нагласени од Владата пред овој Суд: ризикот за злоупотреба и ризикот од арбитрерност. Ризикот од злоупотреба пред сѐ треба да се цени од страна на домашните органи (параграф 108 погоре) и Судот смета дека е разумно да се стравува дека оваа опција би довела до ризик богатите тела со агенди кои ги претставуваат групи за општествено застапување создадени токму за таа намена. Финансиски лимити на рекламирањето можат во определен степен да се избегнат од тие богати тела со создавање на голем број на групи со слични интереси, на тој начин акумулирајќи рекламно време. Судот исто така смета дека е рационална забелешката дека забрана кој бара дистинкција од случај до случај помеѓу огласувачите и рекламите може да не е изводливо средство за постигнување на легитимната цел. Посебно, со оглед на сложената регулаторна позадина, овој облик на контрола може да доведе до несигурност, спорови, трошоци и одолговлекување како и до наводи за дискриминација и арбитрерност, кои се причини кои можат да оправдаат генерална мерка (параграф 108 погоре). Затоа било разумно Владата да стравува дека предложената алтернативна опција не била изводлива и дека може да го компромитира принципот на непристрасност во радиодифузните медиуми, кој е камен темелник на регулаторниот систем за кој станува збор (параграфи 62-64).
123. Понатаму, Судот би нагласил дека нема европски консензус помеѓу државите договорнички за тоа како да се регулира платеното политичко рекламирање во радиодифузните медиуми (параграфи 65-72 погоре) и странките го прифатија ова. Треба да се потсети дека немањето на релевантен консензус помеѓу државите договорнички може да оди во прилог на дозволување на нешто пошироко поле на слободна оцена отколку што вообичаено се доделува за ограничувања на изразување по прашања од јавен интерес (Hirst v. the United Kingdom (no. 2) [GC], параграф 81 и TV Vest, параграф 67, цитирани погоре како и Société de conception de presse et d’édition and Ponson v. France, no. 26935/05, §§ 57 and 63, 5 March 2009). Точно е дека ЕПРТ препорачала определена претпазливост при потпирање на споредбени материјали во овој контекст (параграф 65 погоре). Сепак, иако може да има тренд кон напуштање на широки забрани, останува јасно дека има значителна разновидност на средства употребени од државите договорнички за регулирање на таквото рекламирање, кои се одраз на богатството на разлики во историскиот развој, културната различност, политичка мисла и, последователно, демократската визија на тие држави (Scoppola v. Italy (no. 3) [GC], цитирана погоре, параграф 83). Немањето на консензус во оваа област е такво што Комитетот на министри на Советот на Европа, при разгледувањето на прашањето за платено политичко рекламирање во радиодифузните медиуми во 1999 и 2007 одбил да препорача заедничка позиција по прашањето (параграфи 73-75 погоре). Овој недостаток на консензус исто така го проширува просторот за слободна оцена кој се дава во однос на ограничувања на изразување од јавен интерес.
124. На крај, Судот не смета дека влијанието на забраната во овој случај е позначајно од убедливите оправдувања за генералната мерка опишани погоре (параграф 109 погоре).
Судот ги воочува, во тој поглед, другите медиуми кои му се достапни на жалителот во овој случај и потсетува дека пристапот кон алтернативни медиуми е клучен за пропорционалноста на ограничувањето на пристап кон други потенцијално корисни медиуми
(Appleby and Others v. the United Kingdom, no. 44306/98, § 48, ECHR 2003‑VI; и Mouvement raëlien suisse v. Switzerland, цитирана погоре, параграфи 73-75). Посебно, НВО жалителот може да учествува на радио и телевиски дебатни програми од политички карактер (т.е. емитувања кои не се политички реклами). Жалителот може исто така да се рекламира на радио и телевизија за неполитички прашања ако основа добротворен огранок за тоа и не беше покажано дека трошоците во тој поглед се превисоки. Важно е да се каже, дека жалителот имал целосен пристап за неговите реклами во нерадиодифузните медиуми, вклучувајќи ги печатените медиуми, интернетот (вклучително и социјалните медиуми) како и до демонстрации, протести, и летоци. Дури и ако не беше покажано дека интернетот, со неговите социјални медиуми е повлијателен од радиодифузните медиуми во тужената држава (параграф 119 погоре), овие нови медиуми остануваат моќни средства за комуникација кои можат да бидат од значителна помош на НВО жалител во постигнувањето на нејзините цели.
125. Затоа, Судот смета дека причините истакнати од државните органи, за да ја оправдаат забраната за рекламата на жалителот се релевантни и доволни. Забраната не може затоа да се смета дека претставува непропорционално мешање во правото на жалителот на слобода на изразување. Судот затоа заклучува дека немало повреда на член 10 од Конвеицијата.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Ја прогласува, едногласно, жалбата за допуштена;
2. одлучува, со девет гласа за и осум против, дека немало повреда на член 10 од Конвенцијата.
Изработена на англиски и француски јазик, и донесена на расправа од 22 април 2012, врз основа на правило 77, став 2 и став 3 од Правилата на Судот.
Michael O’BoyleDean Spielmann
Заменик секретарПретседател
Во согласност со член 45, став 2 од Конвенцијата и правило 74, став 2 од Правилата на Судот, следните издвоени мислења се приклучени кон оваа пресуда:
- издвоено мислење на судијата Bratza;
- заедничко спротивставено мислење на судиите Ziemele, Sajo, Kalaydjiyeva, Vučininć и De Gaetano;
- спротивставено мислење на судијата Tulkens, кон кое се приклучија судиите Spielmann и Laffranque.
D.S.
M.O.B.
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy