ПРВ ОДДЕЛ СЛУЧАЈ НА АРСОВСКИ v. РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (Жалба број 30206/06) ПРЕСУДА (за материјална штета) СТРАЗБУР 7 Февруари 2019 Оваа пресуда станува правосилна под околностите предвидени во член 44 § 2 од Конвенцијата. Може да биде предмет на редакциски измени. 2 АРСОВСКИ против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (материјална штета) ПРЕСУДА Во предметот на Арсовски v. Република Македонија, Европскиот суд за човекови права (Прв Оддел) во Совет составен од: Linos-Alexandre Sicilianos, Претседател, Krzysztof Wojtyczek, Armen Harutyunyan, Pauliine Koskelo, Tim Eicke Jovan Ilievski, Gilberto Felici, судии, и Renata Degener, Заменик Секретар на Одделот, Расправаше на нејавна седница на 15 Јануари 2019 година Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум: ПОСТАПКА 1. Случајот беше инициран со жалба (бр.30206/06) против Република Македонија поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на тројца македонски државјани, г-дин Стојко Арсовски, г-дин Стефан Арсовски и г-ѓа Верка Арсовска ("жалителите") на 07 Јули 2006 година. По смртта на г-дин Стефан Арсовски во 2007 година, неговата вдовица г-ѓа Драгица Арсова и неговите ќерки г-ѓа Каролина Јосева и г-ѓа Калинка Стефановска, поднеле барање за продолжување на постапката во негово име. Г-ѓа Верка Арсовска починала на 01 октомври 2017 година. Нејзините синови, г-дин Благе Арсовски и г-дин Чедо Арсовски поднеле барање за продолжување на постапката во нејзино име. Владата не го оспори правото на наследниците на г-ѓа Верка Арсовска да ја продолжат постапката во нејзино име. 2. Со пресуда донесена во 2013 година ("основната пресуда") Судот, одлучи дека наследниците на г-дин Стефан Арсовски имаат право да ја продолжат постапката во негово име, ја прогласил жалбата за допуштена и утврдил дека, има повреда на членот 1 од Протоколот бр.1 кон Конвенцијата, дека експропријацијата на земјиштето (пасиште во вкупна површина од 880 м2) предизвикало прекумерен и непропорционален товар на жалителите (види Арсовски v. Република Македонија, бр.30206/06, § 62, 15 Јануари 2013 година). 3. Врз основа на член 41 од Конвенцијата, жалителите барале надомест на материјална и нематеријална штета. Судот им досудил на г-дин Стојко Арсовски и г-ѓа Верка Арсовска секому износ од 3.000 ЕУР и на наследниците на г-дин Стефан Арсовски, заедно, вкупно износ од 3.000 ЕУР, зголемен за сите даноци кои се плаќаат за нематеријална штета. Судот ги одбил останатите барањата за нематеријална штета на апликантите и ги отфрлил барањата за трошоци. АРСОВСКИ против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (материјална штета) ПРЕСУДА 4. Со оглед дека прашањето за примена на членот 41 од Конвенцијата во однос на материјалната штета не беше зрело за одлучување, Судот го резервираше таквото прашање и ги повика Владата и жалителите во рок од три месеци од денот кога пресудата ќе стане правосилна, да поднесат нивни писмени поднесоци за ова прашање, и особено, да го известат Судот за било каква спогодба која би можеле да ја постигнат (ibid., § 67 и став 5 од оперативните одредби). 5. Жалителите и Владата не успеале да постигнат договор во однос на материјалната штета и поднеле опсервации во однос на прашањето за материјална штета согласно член 41 од Конвенцијата. На 30 септември 2014 година Советот одлучил да го одложи испитувањето на прашањето за материјална штета и да го сочека исходот на барањето на жалителите за повторување на постапката за експропријација. Последователно, страните поднеле понатамошни опсервации и го информирале Судот дека со конечна одлука од 13 октомври 2015 година, Вишиот управен суд го одбил како ненавремено барањето на жалителите за повторување на постапката за експропријација. Домашниот суд утврдил дека барањето било поднесено по протек на повеќе од пет години (временска рамка утврдена согласно Законот за управни спорови) од кога постапката за експропријација правосилно завршила. Жалителите не поднеле барање за преотворање на вонпарничната постапка во која им бил доделен надомест за експроприраното земјиште. ПРАВО 6. Член 41 од Конвенцијата предвидува: ,,Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување“. A. Надомест на штета 1. Наводи на страните (a) Жалителите 7. Жалителите наведоа дека не постојат ниту правни ниту фактички причини кои спречуваат земјиштето да им биде вратено во нивна сопственост. Концесинерот (приватна компанија) на земјиштето имал единствено изградено систем за испумпување на вода. Фабриката за 4 АРСОВСКИ против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (материјална штета) ПРЕСУДА производство на вода била на друга парцела. Тие наведоа дека враќањето на земјиштето во нивна сопственост немало да влијае на правата и интересите на концесионерот од договорот за концесија (види параграф 8 од основната пресуда). Во оваа насока, тие негираат дека таквата мерка ќе предизвика значителни финансиски загуби за концесионерот и ќе ја поткопа правната сигурност (види параграф 12 подолу). Ако земјиштето било вратено во нивна сопственост, тие ќе го регулирале односот со концесионерот преку склучување договор за закуп. 8. Жалителите тврдеа дека враќањето на сопственичките права врз земјиштето нема да ја надомести штетата која ја претрпеле поради експропријацијата. Во оваа насока, во нивните првични наводи бараа износ од 500.000 ЕУР, кој според нив, е разумен дел од добивката која ја оставирл концесионерот од 02 јуни 2003 година, денот кога одлуката за експропријација станала конечна. Во нивните дополнителни произнесувања, тие барале износ од 1.513,610 ЕУР плус камата, што претставува 14% од профитот кој го остварил концесионерот помеѓу август 2000 година (денот кога договорот за концесија на предметното земјиште бил потпишан) и 2012 година (последната година во која имало достапна информација од Централен регистар во однос на концесионерот) (види параграфи 7 и 8 од основната пресуда). Жалителите понатаму барале неодреден износ по однос на изгубена добивка сметано од 2013 година до денот кога Судот ќе донесе конечна одлука. 9. Горенаведеното побарување било засновано со вештачење изготвено на 26 јуни 2013 година од страна на овластен вештак, од кое копија била доставена во прилог на нивното барање. Вештачењето ги појаснува, во детали, методите применети за пресметка на профитот на концесионерот помеѓу 2000 и 2012 година. Со цел да се пресмета профитот на концесионерот, вештакот, помеѓу другото, ги одземал неговите трошоци и расходи, при што употребил фиксна стапка од 50% од неговиот обрт (бруто приход). Вештакот понатаму навел дека концесионерот се занимавал со вадење на минерална вода од друго место и дека исто така произведувал и други пијалоци. 10. Жалителите истакнале дека доколку тие останале сопственици на предметното земјиште истото ќе го издавале под закуп и ќе добивале закупнина. Во оваа насока, тие доставиле копија од јавен повик за закуп на бифе во Основниот суд Скопје. Согласно повикот, бараната цена за закуп на бифето кој бил во вкупна површина од 18.7 м2 била 5 ЕУР за м2. Конечната понуда би можела да биде многу повисока. Имајќи предвид дека двата имоти (предметното земјиште и бифето) биле различни и неспоредливи во однос на нивната локација (едното во рурална средина, а другото во судска зграда во главниот град), намената за која служеле и приходот кој го остварувале, жалителите наведуваат дека би било веројатно концесионерот да плати 10 ЕУР за м2 ако го изнајмувале предметното земјиште. Во секој случај, тие наведуваат дека висината на закупнината не е одредена со некој закон АРСОВСКИ против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (материјална штета) ПРЕСУДА или пропис, туку е предмет на договор помеѓу договорните страни. Имајќи предвид дека предметното земјиште би било изнајмено за целите на производство на минерална вода, секој закуп би вклучувал дел од приходот на концесионерот. Ако жалителите ги стекнеле тие парични средства, можеле да ги инвестираат или да ги депонираат во банка, што ќе им донесе дополнителен приход. 11. На крајот, тие наведуваат дека "пазарната вредност на земјиштето во времето на експропријација не би можело да се утврди. Доколку можело, тоа ќе се утврдело во вонпарничната постапка". Во оваа насока, тие го оспориле материјалот доставен од Владата во однос на продажните цени на други "споредливи" земјишта (види параграф 15 подолу). Во секој случај, се потврдува дека приватните сопственици на земјиштето под кое постои минерален извор за приватен концесионер има дозвола да го експлоатира, имаат право да одлучат за тоа земјиште и да ја повратат сопственоста кога ресурсите ќе се исрцпат. Последно, се повикале на статија објавена на 22 Јули 2013 година од страна на српски економски електронски портал кој известил за јавна аукција на eBay за земјиште во Србија, под кое имало геотермална минерална вода подготвена за вадење. Сопственикот на тоа земјиште ја одредил цената на 550.000 американски долари. (б) Владата 12. Владата тврдеше дека земјиштето за кое станува збор не може да биде вратенo во сопственост на жалителите. Владата тврди дека концесионерот има изградено бушотина и други инсталации на земјата со цел да експлоатира минерална вода и дека неодамна се има стекнато со сопственост на бушотината за вода. Имало значителен број на конструкции и нивното отстранување би предизвикало "сериозни фактички пречки". Тоа, исто така, ќе ги доведе во прашање легитимните очекувања на концесионерот засновани на сеуште важечкиот договор за концесија (важи за период од триесет години кој може да се обнови) и ќе ја загрози "правната сигурност на домашните инвеститори". 13. Понатаму, Владата го оспори барањето на жалителите за изгубена добивка како неосновано и нејасно. Владата истакна дека секое барање во врска со материјална штета не може да се поврзе со приходите и / или добивката на концесионерот. Во таа насока, Владата истакна дека минералната вода била во државна сопственост и дека жалителите не покажале никаква намера да извршат геолошки истражувања на земјиштето или пак дека имало било која друга страна заинтересирана за изнајмување или купување на земјиштето за таа цел. 14. Владата, исто така, го оспори квалитетот на експертската анализа. Според Владата, методологијата што ја користел експертот била двосмислена, шпекулативна и несериозна. Анализата, исто така, се потпирала на погрешни параметри и не биле земени предвид некои од 6 АРСОВСКИ против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (материјална штета) ПРЕСУДА важните елементи. Жалителите исто така не успеале да утврдат како е направена наводната изгубена добивка, претставена како ненаплатена закупнина, која изнесувала 14% од добивката на концесионерот. 15. Што се однесува до пазарната вредност на земјата во времето на експропријација, Владата се осврна на наодите од Бирото за судски вештачења од 2013 година, дека не постоела експертска методологија која ќе ги земе предвид специфичните карактеристики на земјиштето (минералната вода под него) при пресметувањето на неговата пазарна вредност. Според тоа, Владата сугерираше дека пазарната вредност на парцелата треба да се утврди врз основа на пазарната вредност на "слични" парцели. Во оваа насока, Владата се осврна на купопродажни договори за парцели во истата област како и во различни области, склучени помеѓу 2001 и 2013 година, каде продажната цена се движела помеѓу 0,50 ЕУР (неизградено земјиште) и 78 ЕУР за квадратен метар. (делумно изградено земјиште со индустриска постројка за производство, пакување и снабдување со минерална вода). Во 2001 година неразвиена парцела (555м2) со минерална вода под неа, во истата област како и земјиштето за кое станува збор, била продадена од сопственикот на поединец (за експлоатација на вода) за 5 евра по метар квадратен. Владата, исто така, достави копија од договорот од 2010 година каде концесионерот се согласил да му обезбеди топла вода (бесплатно) на сопственикот на некое земјиште (под кое имало термална вода) за време на важењето на договорот за концесија. Владата понатаму се осврна на одлуката на локалните власти од 2010 година според која пазарната вредност на пасиштата во истата зона како и предметната парцела - која се смета за најмалку развиена за тргување во рамките на тужената држава - била под 1 ЕУР за квадраен метар. На крај, Владата се осврна на граѓанската постапка од 1996 година поднесена од жалителите за признавање на сопственоста на земјиштето (параграф 7 од основната пресуда) во која тие ја поставиле вредноста на 330 ЕУР. Во секој случај, повторувањето на вонпарничните постапки кои се однесуваат на висината на надоместокот за експроприраното земјиште би била најсоодветната опција за решавање на ова прашање на материјална штета на "темелен и ефективен начин". Жалителите, сепак, не ја искористеле таквата можност (види став 5 погоре). Владата заклучи дека надоместокот доделен на жалителите на домашно ниво во замена за експроприраното земјиште (880 ЕУР, параграф 16 од основната пресуда), врз основа на извештајот за проценка изготвен во вонпарничната постапка (потврдена од друг експертски извештај од 2011 година) бил разумен. 16. Конечно, Владата тврдеше дека не може да се извлече никаква аналогија помеѓу јавна аукција за закуп на бифе бар во судска зграда и закупот што жалителите би можеле да го склучат со концесионерот кога тие би биле сопственици на предметното земјиште. Освен тоа, нема законска основа за таквата закупнина да вклучува дел од приход на концесионерот. Владата, исто така, го оспори кредибилитетот и АРСОВСКИ против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (материјална штета) ПРЕСУДА релевантноста на онлајн аукцијата на некое земјиште на eBay наведено како пример од страна на жалителите. 2. Оцена на Судот 17. Судот повторува дека пресудата со која Судот наоѓа повреда и наметнува на тужената држава правна обврска да стави крај на повредата и да изврши отстранување на последиците од повредата на начин што ќе овозможи, колку што е возможно, воспоставување на состојбата која постоела пред повредата (види Iatridis v. Greece (само надоместок) [GC], no. 31107/96, § 32, ECHR 2000-XI). 18. Договорните Држави во принцип се слободни да ги изберат средствата со кои ќе се извршува пресудата во која Судот утврдил повреда. Оваа дискреција во однос на начинот на извршување на пресудата ја одразува слободата на избор во прилог на примарната обврска на државите договорнички согласно Конвенцијата за обезбедување на гарантираните права и слободи (член 1). Доколку природата на повредата дозволува restitutio in integrum (заб. на преведувачот: враќање во поранешна состојба), должност на државата е да го ефектуира тоа, бидејќи Судот ниту има моќ ниту практична можност самиот да го стори тоа. Но, доколку домашното право не дозволува – или дозволува само делумно – репарација на последиците од повредата, членот 41 го овластува Судот на оштетената странка да и досуди таков надомест кој е соодветен на повредата (види Brumărescu v. Romania [GC], no. 28342/95, § 20, ECHR 2001-I, и Kurić and Others v. Slovenia (само надомест) [GC], no. 26828/06, §§ 79 and 80, ECHR 2014). 19. Основата на која Судот постапува во врска со материјалната штета зависи од природата на утврдената повреда (види Ünsped Paket Servisi SaN. Ve TiC. A.Ş. v. Bulgaria (само надомест), no. 3503/08, § 13, 24 November 2016). Во оваа насока, Судот повторува дека материјалните последици од законската експропријација не може да се поистоветат со последиците од незаконското одземање (види Scordino v. Italy (no. 1) [GC], no. 36813/97, § 250, ECHR 2006-V, и Former King of Greece и Others v. Greece [GC] (само надомест), no. 25701/94, § 75, 28 Ноември 2002). 20. Во основната пресуда, Судот утврдил дека вмешувањето во случајот било законско (види параграф 50 и 51 од основната пресуда). Утврдувањето дека постои повреда, е базирано на две основи, имено дека домашните органи не дале објаснување зошто закупот, како помалку рестриктивна мерка за сопственичките права на жалителите, бил неприфатлив во случајот, од една страна и дека надоместот исплатен на жалителите е недоволен да ја отстрани повредата која ја претрпеле, од друга страна. Во вакви околности, Судот смета дека спорната експропријација на жалителите им предизвикала прекумерно и непропорционално оптоварување (види параграф 55-62 од основната пресуда). Соодветно, дејствието на Владата за кое Судот утврдил дека 8 АРСОВСКИ против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (материјална штета) ПРЕСУДА е спротивно на Конвенцијата е експропријацијата која би била легитимна доколку органите не пропуштеле да ја оправдаат и да платат правичен надомест. 21. Судот наведува дека страните дале спротиставени аргументи во однос на тоа дали земјиштето можело да биде вратено во сопственост на жалителите. Жалителите навеле дека не постоеле фактички и правни пречки поради кои земјиштето не може да им биде вратено. Во таа смисла, навеле дека правата на концесионерот ќе биле обезбедени со договор за закуп кој ќе го склучеле доколку добијат сопственост на земјиштетото. Судот забележува дека примерите кои ги споменува Владата потврдуваат дека интересот на Државата за искористување на минерални ресурси од јавен интерес не бара задолжително експропријација на земјиштето за целите на експлоатирање на ресурсот под тоа земјиште. Сепак, ниту еден од овие примери не вклучувал договор за закуп помеѓу сопственикот на таквото земјиште и концесионерот. Судот понатаму забележува дека релевантната легислатива била променета по експропријацијата на земјиштето на жалителите и повеќе не предвидувала закуп во случаи на истражување и експлоатирање на минерални ресурси (види параграф 26 и 29 од главната пресуда). Ниту една друга одредба од домашното законодавство која дава таква можност не беше истакната. 22. Во дополнение на горенаведеното, Судот дава особено значење на фактот дека спорните околности во однос на експропријацијата на предметното земјиште не биле ограничени на жалителите и државата, но исто така го вклучуваат и концесионерот како корисник на експропријацијата. Во оваа насока, Судот прифаќа дека враќањето на земјиштето во сопственост на жалителите може да има директно и негативно влијание врз концесионерот и неговите права од договорот за концесија. 23. Во такви околности, имајќи ја предвид природата на повредата утврдена во основната пресуда, Судот не смета дека може да се продолжи врз основа на принципите на restitutio in integrum. Оттука, барањето на жалителите за враќање на земјиштето во нивна сопственост треба да биде отфрлено. Последователно, не постојат основи врз кои жалителите може да бараат надомест на штета од уживањето на правото врз земјиштето по експропријацијата. Понатаму, Судот ќе го разгледува барањето за изгубена добивка, поднесено од жалителите. 24. Барањето на жалителите за изгубената добивка која би ја имале во текот на годините доколку останеле сопственици на земјиштето било двојно: барале 14% од профитот кој концесионерот го остварил од продажбата на минералната вода експлоатирана од земјиштето од една страна, и загубата на закупнината која можеле да ја остварат доколку го издавале земјиштето низ годините, од друга страна. Во однос на првото, Судот забележува дека не му се презентирани никакви примери од домашното право и практика, или друг релевантен материјал, кој би покажал дека приватните земјопоседници уживаат АРСОВСКИ против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (материјална штета) ПРЕСУДА такво право во врска со експолатацијата на минерална вода или други минерални ресурси, кои како што е наведено во основната пресуда, се продукти во државна сопственост (види параграфи 27, 53 и 61 од главната пресуда). Слични се размислувањата и во однос на конкретниот дел (14%) од профитот побаруван од жалителите. Во однос на изгубената закупнина, жалителите се повикале на јавен повик за закуп на бифе во судска зграда во Скопје. Заеднички е ставот меѓу страните, а Судот не гледа причина да има поинакво мислење, дека двата имоти се различни по природа и дека договорите за изнајмување не може да се споредат. 25. Соодветно, Судот смета дека “најблиската можна ситуација до онаа која би постоела доколку не настанала повредата во случајот” е ограничена на исплатата на соодветен надоместок кој требал да биде досуден во времето на експропријацијата (види Vistiņš and Perepjolkins v. Latvia (надомест на штета) [GC], no. 71243/01, § 34, ECHR 2014). Како што е наведено во параграфот погоре, причината за констатираната повреда на членот 1 од Протоколот бр.1 кон Конвенцијата, во конкретниот случај, е несоодветниот надомест, а не незаконска мерка за одземање на земјиштетото (види Scordino (no. 1) [GC], цитиран погоре, § 255). 26. Што се однесува до износот досуден на жалителите, Судот ги повторува своите наводи од основната пресуда дека домашните органи не го земале предвид постоењето на минералната вода во пресметката на надоместот за експропријација. Овој пропуст, согласно мислењето на Судот, го разнишал потребниот фер баланс помеѓу барањата на јавниот интерес и барањата за заштита на основните права на жалителите (види параграф 61 од основната пресуда). При одредувањето на соодветниот износ на надомест, Судот бил должен да се води од критериумите воспоставени во неговата судска пракса во однос на членот 1 од Протоколот бр.1, согласно кои, без исплата на износ кој е разумно поврзан со неговата вредност, одземањето на имотот претставува диспропоционално мешање кои не може да се смета за оправдано согласно тој член. Оттука Судот смета дека е соодветно да утврди надомест кој, колку што може, ќе се смета за “разумно поврзан” со пазарната вредност на земјиштето.(види Vistiņš and Perepjolkins, цитиран погоре, § 36). 27. Судот забележува дека надоместот кој бил доделен на жалителите во моментот на експропријацијата бил утврден врз основа на експертска процена на земјиштето изготвена од вештак одреден од судот, кој ја утврдил пазарната вредност на 880 ЕУР (1 евро за м2). Од овој износ, домашните судови одземале износ од 475 ЕУР на име трошоци на концесионерот (види параграф 16 од главната пресуда). Судот утврди дека тој износ не е доволен да ја отстрани последицата предизвикана на жалителите. Соодветно, Судот не смета дека е соодветно да го користи како основ за пресметка на материјалната штета како што е тоа побарано од Владата (види параграф 15 погоре). 10 АРСОВСКИ против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (материјална штета) ПРЕСУДА 28. Судот забележува дека жалителите не доставиле свое вештачење за земјиштето со кое било земено предвид постоењето на минерална вода при пресметката на неговата вредност. Наместо тоа, тие се повикале на електронска аукција на eBay на навидум слично земјиште во Србија (види параграф 11 погоре). Имајќи ја предвид природата на таа објава, фактот дека се работи за земјиште во друга држава и недостаток на каква било информација за големината и природата на земјиштето, како и исходот на наводната продажба, Судот смета дека секое повикување на истото е несоодветно и недоволно за конкретниот случај. 29. Од друга страна, материјалот доставен од Владата како купопродажни договори за слични земјишта, се чини дека упатува на специфичните карактеристики на земјиштето, имено постоењето на минерален извор под истото, што влијае на неговата пазарна цена. Во оваа насока, Судот истакнува дека согласно договор за купопродажба склучен во 2001 година продажната цена на слично земјиште во истата област како и земјиштето на жалителите е пет пати поголем од проценетата пазарна вредност на земјиштето на жалителите (види параграф 15 погоре). Сепак, во отсуство на понатамошни насоки во поткрепа, Судот во однос на аспектот на проценување на вредноста на предметниот имот, не може да го заснова својот заклучок единствено врз основа на единствен пример од домашната пракса. Во тие околности, при утврдувањето на соодветниот надомест, Судот ќе се залага за правични заклучоци (види, mutatis mutandis, Former King of Greece and Others v. Greece [GC] (само надомест), no. 25701/94, § 79, 28 Ноември 2002). 30. Преку целосна проценка на релевантните заклучоци, Судот смета дека е правично да им досуди на жалителите, заедно, вклучувајќи ја и г-ѓа Верка Арсовска, чии синови (види параграф 1 погоре) согласно член 34 од Конвенцијата ја продолжиле постапката во нејзино име (види Streltsov and other “Novocherkassk military pensioners”cases v. Russia, nos. 8549/06 and 86 others, § 39, 29 Јули 2010), на име надомест на материјална штета, паушален износ од 15.000 ЕУР плус секоја давачка која може да биде наплатена на тој износ. Согласно гледиштето на Судот, овој износ претставува соодветен надомест на материјалната штета која жалителите ја претрпеле, вклучително и последователната штета откако властите ја преземале сопственоста врз земјиштето. Тоа што жалителите не барале преотворање на спорните постапки (види параграф 15 погоре) не е од значење при одлучувањео за овој надомест. Б. Затезна камата 31. Судот смета дека е соодветно затезната каматна стапка да се заснова на најниската каматна стапка за позајмени средства на Европската централна банка, на која треба да се додадат три процентни поени. АРСОВСКИ против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (материјална штета) ПРЕСУДА ПОРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ, ЕДНОГЛАСНО, 1. Одлучи дека синовите на г-ѓа Верка Арсовска, и тоа г-дин Благе Арсовски и г-дин Чедо Арсовки имаат утврден интерес да ја продолжат оваа постапка во име на нивната покојна мајка; 2. Одлучи (а) дека тужената држава треба да им исплати на жалителите, заеднички, во рок од три месеци од денот на правосилноста на пресудата во согласност со член 44 § 2 од Конвенцијата, износ од 15.000 ЕУР (петнаесет илјади евра) на име материјална штета, плус сите давачки кои може да бидат наплатени, конвертирани во националната валута на тужената држава согласно курсот применлив на денот на склучување на спогодбата; (б) дека по истекот на горе наведените три месеци се до склучување на спогодба треба да се плати камата на горенаведениот износ по стапка еднаква на најниската каматна стапка на позајмени средства на Европската централна банка во периодот на плаќање плус три процентни поени. 3. Го отфрла остатокот од жалбата на жалителите за надомест. Изготвено на Англиски јазик на 7 Февруари 2019 година, согласно Правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот. Renata Degener Linos-Alexandre Sicilianos Заменик Секретар Претседател
Full & Egal Universal Law Academy