© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
CЛУЧАЈ AUSTIN И ДРУГИ против ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
(Жалби бр. 39692/09, 40713/09 и 41008/09)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
15 март 2012
Оваа пресуда е конечна, но може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Austin и други п. Обединетото Кралство,
Европскиот суд за човекови права (Голем судски совет), заседавајќи како Голем судски совет во состав:
Françoise Tulkens, Претседател,
Nicolas Bratza,
Jean-Paul Costa,
Josep Casadevall,
Nina Vajić,
Dean Spielmann,
Lech Garlicki,
Ineta Ziemele,
Päivi Hirvelä,
Giorgio Malinverni,
Luis López Guerra,
Ledi Bianku,
Kristina Pardalos,
Ganna Yudkivska,
Vincent A. De Gaetano,
Angelika Nußberger,
Erik Møse, судии,
и Michael O’Boyle, Заменик секретар,
Откако заседаваше на затворени седници на 14 септември 2011 и на 15 февруари 2012,
Ја донесувал следната пресуда, којашто беше усвоена на вториот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со една жалба (бр. 39692/09) поднесена пред Судот според член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на британска државјанка, г-ѓа Lois Amelia Austin („првата жалителка“), на 17 јули 2009; една жалба (бр. 40713/09) поднесена од грчки и австралиски државјанин, г-н George Black („вториот жалител“) на 27 јули 2009; и една жалба (бр. 41008/09) поднесена од британска и австралиска државјанка, г-ѓа Bronwyn Lowenthal („третата жалителка“) и британски државјанин, г-н Peter O’Shea („четвртиот жалител“), на 27 јули 2009. Сите четири жалби беа поднесени против Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
2. Првата жалителка пред Судот ја застапуваа Louise Christian, Katharine Craig, Heather Williams QC и Philippa Kaufmann. Вториот жалител беше застапуван од James Welch. Tретата жалителка и четвртиот жалител беа застапувани од г-н Ben Emmerson QC, г-н Michael Fordham QC, г-н Alex Bailin и г-н John Halford. Владата на Обединетото Кралство („Владата“) ја застапуваше нејзиниот агент, г-н John Grainger, Форин и Комонвелт Офис.
3. Жалителите се жалеа дека тоа што биле задржани во полициски кордон (мерка позната како “kettling”) седум часа во текот на демонстрации во централен Лондон претставувало лишување од слобода спротивно на член 5 § 1 oд Конвенцијата.
4. Жалбата беше распределена на Четвртиот оддел на Судот (правило 52 § 1 oд Правилата на Судот). На 21 септември 2010 Судот одлучи да ги спои жалбите и да ги комуницира до Владата. Исто така одлучи дека ќе донесе одлука за допуштеноста и основаноста на жалбите во исто време (член 29 § 1). На 12 април 2011 Судскиот совет одлучи да отстапи надлежност на Големиот судски совет.
5. Составот на Големиот судски совет беше утврден според одредбите на член 27 §§ 2 и 3 oд Конвенцијата и правило 24 од Правилата на Судот.
6. Жалителите и Владата доставија поднесоци за допуштеноста и основаноста на жалбата.
7. Јавна расправа се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 14 септември 2011 (правило 59 § 3).
Пред Судот пристапија:
(a) за Владата
г-н J. Grainger, Агент,
г-н D. Pannick QC,
г-н J. Segan, Адвокати,
г-н C. Papaleontiou,
г-ѓа M. Purdasy, Советници;
(б) за жалителите
г-н B. Emmerson QC,
г-ѓа P. Kaufmann QC,
г-ѓа A. Macdonald,
г-н I. Steele,Адвокати,
г-ѓа K. Craig,
г-н J. Halford,
г-н J. Welch,Советници,
г-ѓа L.A. Austin,
г-н G. Black,
г-ѓа B. Lowenthal,Жалители.
Судот слушна обраќања од г-н Pannick, г-ѓа Kaufmann и г-н Emmerson.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
8. Првата жалителка е родена во 1969 и живее во Базилдон; вториот жалител е роден во 1949 и живее во Лондон, третата жалителка е родена во 1972 и живее во Лондон, а четвртиот жалител е роден во 1963 и живее во Вембли.
9. Фактите на случајот може да се резимираат на следниот начин.
A. Верзија на жалителите за тоа што ним им се случило на 1 мај 2001
10. На 1 мај 2001, во текот на демонстрации во централен Лондон тие биле задржани во полициски кордон на Оксфорд сиркус (клучката помеѓу Реџент стрит и Оксфорд стрит).
11. Првата жалителка, г-ѓа Lois Austin, е член на Социјалистичката партија и имала учествувано на бројни демонстрации, вклучително и на претходни демонстрации за Први мај. На 1 мај 2001 таа ја оставила својата единаесетмесечна ќерка во градинка, планирајќи да ја земе во 16 часот и 30 минути, и патувала од Есекс до Централен Лондон со нејзиниот партнер. Тие учествувале на протест против глобализацијата пред зградата на Светската банка пред да одат со другите протестанти до Оксфорд сиркус, пристигнувајќи околу 14 часот. Околу 15 часот и 45 минути г-ѓа Austin морала да ја напушти демонстрацијата за да је земе својата ќерка од градинка. Таа ја објаснила ситуацијата на двајца полициски службеници кои го одржувале кордонот, но ѝ било кажано дека не може да замине и дека не било познато кога ке може да ја напушти областа. Г-ѓа Austin се договорила со пријателка да го земе детето од градинка. Конечно ѝ било дозволено да си замине околу 21 часот и 30 минути.
12. Помеѓу 14 часот и 14 часот и 30 минути на 1 мај 2001 вториот жалител се обидел да ја премине Оксфорд сиркус за да оди до книжара на Оксфорд стрит. Нему му било кажано од страна на полициски службеник дека тој не можел да оди по Оксфорд стрит затоа што се доближувала толпа на демонстранти и му било советувано да оди по Маргарет стрит, паралелна улица кон север. Жалителот го следел тој совет, но помеѓу Маргарет стрит и Реџент стрит тој биле пресретнат од ѕид на полицијци против нереди со штитови и шлемови, кои се движеле кон југ. Жалителот бил потиснат кон Оксфорд сиркус околу 14 часот и 30 минути. Тој веднаш побарал да биде ослободен од полицискиот кордон и бил известен дека имало излез за лица кои не биле протестанти на Бонд стрит страната на Оксфорд сиркус, но кога отишол таму му било кажано дека немало излез. Жалителот не можел да излезе од кордонот сѐ до 21 часот и 20 минути.
13. Tретата жалителка немала никаква врска со демонстрацијата. Таа работела во околината на Оксфор Сиркус и била на пауза за ручек во 14 часот и 10 минути кога била спречена да се врати на своето работно место од ред на полициски службеници кои го блокирале патот. Таа свртила и се обидела да помине во друга насока, но увидела дека излезот тогаш бил блокиран од полициски скужбеници, кои почнале да се движат кон неа. Таа била задржана во кордонот на Оксфорд сиркус до 21 часот и 35 минути. Таа и други лица повеќе пати побарале да им биде дозволено да ја напуштат областа која била во кордон, но ѝ било кажано од полициските службеници кои ги прашала дека имале наредба да не пуштаат никого.
14. Четвртиот жалител исто така работел во областа на Оксфорд сиркус и исто така бил заробен во кордонот додела одел преку Оксфорд Сиркус на неговата пауза за ручек. Тој можел да си замине во приближно 20 часот.
Б. Домашна постапка
1. Високиот суд
15. После настаните од 1 мај 2001 приближно 150 лица кои биле задржани на Оксфорд Сиркус контактирале различни адвокатски фирми со намера да поведат постапка. Различните потенцијални жалители, нивните правни застапници и претставниците на Метрополитенската полиција започнале преписка со цел да постапат по тужбите ефикасно. Бил постигнат договор дека првата жалителка и г-н Geoffrey Saxby, кој бил случаен минувач кој бил зафатен во кордонот, ќе бидат како „пробни“ тужители. Тие започнале постапка пред Високиот суд, барајќи надомест за штета за неоправдано затворање и според Законот за човекови права од 1998 за повреда на правото на слобода гарантирано со член 5 од Конвенцијата. Првата жалителка исто така на почетокот поднесла тужба за мешање во нејзините права на слобода на изразување и мирно собирање спротивно на член 10 и член 11 од Конвенцијата, но потоа се откажала од таа тужба. Метрополитенската полиција им ветила на правните застапници на другите тужители (вклучувајќи го вториот жалител, третата жалителка и четвртиот жалител) дека нема да истакнат аргумент на ограничување ако тие поднесат тужба пред домашните судови откако се одлучи по пробниот случај.
(a) Фактите кои ги утврдил судијата г-н Tugendhat
16. Судењето во Високиот суд пред судијата Tugendhat J траело три недели, вклучувајќи шест дена на усни докази. Тој сослушал лично 18 обични сведоци и двајца вештаци, прочитал изјави од уште 138 сведоци, илјадници страници на писмени докази и видео снимка од приватни и безбедносни камери и полициски хеликоптери. Во неговата пресуда, донесена на 23 март 2005 ([2005] EWHC 480 (QB)), Tugendhat J посветил 500 параграфи на неговата оцена на доказите и фактички наоди. Неговите заклучоци за фактите може да се резимираат на следниот начин.
17. Tugendhat J одлучил дека на 18 јуни и 30 ноември 1999 и Први мај 2000 дошло до тешки нарушувања на јавниот ред во Лондон, што полицијата страхувала дека ќе се повтори во 2001. Темата на сите три демонстрации била протест против капитализмот и глобализацијата. Организаторите на настанот од 18 јуни 1999 не соработувале со полицијата и дистрибуирале пропаганден материјал сличен со материјалот дистрибуиран од организаторите на демонстрацијата на Први мај 2001. Во текот на попладнето на 18 јуни 1999 толпа од 3,000 до 5,000 луѓе, со маски, предизвикале штета во износ од приближно 2 милиони британски фунти и повреди на припадници на јавноста и полициски службеници, од кои на 11 лица им било потребно болничко лекување. Демонстрации на овие теми исто така довеле до сериозни нарушувања на јавниот ред во други земји во приближно истото време, вклучително во Сиетл на 30 ноември 1999 (за време на состанок на Светската трговска организација), во Вашингтон на 16 април 2000 (состанок на Меѓународниот монетарен фонд), во Мелбурн на 11-13 септември 2000 (Азиско-пацифички самит на Светскиот економски форум), во Прага на 26 септември 2000 (друг состанок на Меѓународниот монетарен фонд), и на 22 април 2001 во Квебек (Самит на државите од америчките континенти). Планирањето на Први мај 2001 било одраз на искуството од овие и претходни демонстрации, особено во Лондон, и препораките дадени во светло на тие настани.
18. За Први мај 2001, во полицијата биле пријавени два настана, имено марш на синдикат за Први мај и Марш и собир на млади студенти социјалисти, кои се одржувале во различни делови од Лондон. Понатаму, имало информации кои посочувале дека активисти кои претставувале широка коалиција на екологисти, анархисти и левичарски групи на протестанти имале намера да организираат повеќе протести на 24 локации во Лондон врз основа на плоштадите од играта Монопол. Конечниот настан требало да биде собирање на Оксфорд сиркус во 16 часот. Организаторите на протестот „Монопол на Први мај“ не ја контактирале полицијата ниту пак се обиделе да добијат дозвола за демонстрациите тие се обиделе да ги држат во тајност локациите и карактерот на протестот. Протестантите биле директно и индиректно охрабрувани да носат маски и да се вклучат во разбојништво и насилство (види ја пресудата на Tugendhat J, §§ 206‑225). Информациите со кои располагала специјалната единица на полицијата кажувале дека ќе има „500 до 1,000 жестоки протестанти кои ќе бараат конфронтации, насилство и ќе предизикуваат јавен неред“. Оценката на специјалната единица била дека протестот ќе биде една од најсериозните закани за јавниот ред кои биле било кога видени во Лондон, со вистински ризик за тешки повреди дури и смрт, како и оштетување на имот, ако полицијата не ја контролира ефикасно толпата. На ризик биле изложени припадници на јавноста, полициски службеници и други протестанти. На 24 април 2001 градоначалникот на Лондон напишал статија во главниот вечерен лондонски весник, изразувајќи гледиште дека организаторите на протестот на Први мај намерно сакале да предизвикаат уништување, и ги повикал лондончаните да се држат настрана. Слични предупредувања биле пренесени во повеќе други весници во март и април 2001.
19. Полицискиот план за тој ден вклучувал распоредување на речиси 6,000 полицски службеници кои се движат пеш носејќи флуоресцентни јакни, покрај полициските службеници на коњи. Во тоа време, тоа бил веројатно најголемиот број на полициски службеници кои некогаш биле распоредени во Лондон. Полициските службеници одговорни за полициското работење на Први мај 2001 биле најискусние службеници за одржување на јавниот ред во Англија. Затоа што било предвидено дека завршниот настан ќе биде собирање на Оксфорд сиркус во 16 часот, таму бил инсталиран звучен систем. Како стратешки цели на полициската операција биле наведени да се увери јавноста и да се осигура јавна безбедност, да се олесни и да се врши полициско работење на сите легитимни протести, да се спречи јавен неред и да се заштитат важни згради како што е Бакингемската палата и Домовите на парламентот; да се спречи криминал и да се преземат сите разумни мерки да се уапсат сторителите ако бидат извршени кривични дела; и генерално да се минимизираат нарушувања на редот. Сепак, полицијата не можела да претпостави што да очекува или како да реагира на тоа ако и кога ќе се случело.
20. Во текот на утрото на Први мај 2001 имало повеќе релативно мали демонстрации низ Лондон. Околу 13 часот, демонстранти почнале да се собираат пред канцелариите на Светската банка во Хејмаркет. Тие оделе кон Пикадили сиркус потоа по Реџент стрит кон Оксфорд сиркус. До 14 часот било проценето дека имало над 1,500 лица во Оксфорд сиркус и дека повеќе други лица постојано им се приклучувале. Повеќе лица кои се движеле по Реџент стрит носеле маски. Информациите на полицијата посочувале дека собирот на Оксфорд сиркус требало да се случи во 16 часот и биле затекнати од големината на толпата во тоа време, со недоволно службеници во областа за да спречат влез на повеќе луѓе таму.
21. Околу 14 часот, полицијата одлучила да направи кордон со цел да ја контролира толпата. Одлуката била заснована на информациите со кои полицијата располагала, според кои имало проценки дека 500-1000 лица решени на насилство ќе учествуваат на протестот на Први мај и врз основа на она што се случило на претходните слични демонстрации, а не на однесувањето на толпата до тој момент. Одлуката била донесена со свесна примена на овластувањата од прецедентното право за спречување на прекршувања на мирот. Штом била донесена одлуката за правење кордон, требало пет до десет минути за да се направи лабав кордон и, и како што пристигнувале повеќе полициски службеници, 20 до 25 минути да се направи целосен кордон. Имало доволно простор во кордонот за луѓето да се движат и немало туркање. Сепак, како што поминувало времето, попладнето условите станувале неудобни. Времето било лошо и врнежливо. Не била обезбедена храна или вода и немало пристап до тоалети или засолниште.
22. Не ѝ било објавено на толпата кога кордонот бил првично направен заради стравот на полицијата дека нема да биде доволно силна за да одбие здружен напор на толпата да го пробие кордонот. Првата објава преку системот за јавно обраќање била во 16 часот, со која толпата била информирана дека се задржани за да се спречи нарушување на мирот. Полицискиот командир при сведочење пред домашните судови признал дека објавата можела да биде направена порано, веројатно во 15 часот и 15 минути или 15 часот и 30 минути.
23. Во 14 часот и 25 минути, пет минути откако бил направен целосен кордон, Главниот суперинтендант кој раководел со операцијата планирал да започне со контролирано пуштање од кордонот од северниот дел на Реџент стрит. Сепак, пуштањето морало да биде одложено кога луѓе од толпата и во и надвор од кордонот почнале да фрлаат проектили и да користат насилство против полицијата и кога имало обид толшата да го пробие кордонот кон Реџент стрит. Во 14 часот и 55 минути повторно било планирано пуштање кон север, но тоа било одложено заради насилство на протестанти од двете страни на кордонот. Приближно во тоа време повеќе луѓе почнале да се движат кон Оксфорд сиркус за да учествуваат на настанот кој било планирано да започне во 16 часот. До 15 часот и 40 минути полицискиот извештај за ситуацијата бил дека полициски службеници се наоѓале помеѓу толпи, со туркање и фрлање на шишиња. Во 16 часот и 30 минути имало толпа од 400 до 500 луѓе надвор од кордонот која следела самба ансамбл, што го отежнало разотидувањето кон Оксфорд стрит. Ситуацијата била повторно проверена во 16 часот и 55 минути, но групно пуштање било исклучено поради ризикот од насилство и неред. Во 17 часот и 15 минути имало сериозни нереди на Оксфорд стрит предизвикани од група од 25 маскирани протестанти којашто привлекла толпа од неколку стотини протестанти. Во 17 часот и 20 минути толпата во кордонот била мирна, но полицијата не сакала да ризикува со групно пуштање заради присуството на други големи, групи кои правеле нереди во близина.
24. Во 17 часот и 55 минути била донесена одлука да се растера толпата која била во кордонот. Сепак, толпата повторно станала насилна и во 18 часот и 15 минути одлуката за пуштање била укината. Во 19 часот се започнало со пуштање, мали групи и поединци биле одведени надвор од кордонот придружувани од полицајци. Сепак, во 19 часот и 20 минути пуштањето било сопрено заради тешкотии во контролирањето на толпата надвор од кордонот, некои од лицата фрлале големи делови од градежен материјал и запалени проектили кон полицијата, и затоа што протестантите кои биле пуштени од кордонот останувале во близина. Во 19 часот и 30 минути групното пуштање на луѓе од кордонот продолжило, со дополнителен број на полицајци за придружување на оние кои биле пуштани надвор од кордонот. Сепак, наскоро пуштањето повторно сопрело затоа што станало очигледно дека тие кои се пуштаат од Оксфорд сиркус се придружувале на друга поголема група, која претходно била насилна, кон север на Грејт портланд стрит. До 20 часот Портланд плејс било чисто и повторно започнало колективното ослободување на толпата на Оксфорд сиркус, во групи од по десет лица. Во 21 часот и 45 минути пуштањето било речиси завршено. Над 100 лица биле уапсени заради нередите на Оксфорд Сиркус и околината. Било дел од политиката на колективно пуштање да се претресат некои или сите од пуштените лица, да се запишат нивните имиња и адреси и да бидат фотографирани.
25. Полицијата проценила дека имало најмногу 2,000 лица во моментот кога имало најмногу луѓе и 1,000 во толпата надвор од кордонот. Анализата на писмените докази и видео снимките изведени при судењето посочувала дека, во текот на попладнето, околу 392 лица биле индивидуално пуштени. Било прифатено дека не било веројатно дека таа бројка е точна, но Tugendhat J заклучил дека бројката на поединечни пуштања била „поблиску до 400 отколку до 200“. Од тие лица, најголем број биле од северната и јужната страна на Оксфорд Сиркус, а многу малку луѓе биле пуштени на исток и запад. Најголем број од регистрираните пуштања била пред 16 часот, 12 биле помеѓу 16 и 17 часот, 89 помеѓу 17 часот и 18 часот, 59 помеѓу 18 и 19 часот, и 12 поединечни пуштања после 19 часот. Тешко било за полициските службеници да идентификуваат лица во толпата за индивидуално пуштање врз основа на тоа дека не претставувале закана за насилство. Некои од лицата кои биле пуштени биле идентификувани како случајни минувачи кои биле заглавени во демонстрацијата. Другите биле опишани дека имале физички болки, бремени жени, постари луѓе или деца.
(б) Заклучоци на Tugendhat J
26. Судијата заклучил дека со оглед на насилството до кое дошло на претходни демонстрации, информациите со кои располагала полицијата, несоработката од страна на организаторите и однесувањето на определени делови на толпата, полицијата имала разумни основи да верува дека имало вистински ризик од оштетување на имот, тешки физички повреди па дури и смрт. Главните ризици биле од натискување и газење, но имало ризици и од фрлање проектили. Со оглед на ситуацијата на Оксфорд Сиркус, за да спречи насилство и повреди, полицијата немала друга алтернатива во 14 часот освен да направи целосен кордон и тоа било, затоа, пропорционален одговор од страна на полицијата на присуството на толпата. Главната цел на задржувањето било да се осигура безбедноста на лицата, вклучително и на тие во кордонот, зачувување на имотот на Оксфорд стрит, и заштита на други права на трети страни. Полицијата исто така имала намера да оддели некои членови на толпата од другите, ако е потребно да ги испита, или да ги претресе.
27. Од 14 часот и 20 минути, никој во толпата не можел да замине без дозвола. Мерката било тесно ограничување, со минимална слобода на Оксфорд сиркус, и нејзините последици биле сериозни, и тоа сѐ повеќе како што поминувало времето. Сепак, никогаш не се очекувало дека задржувањето ќе трае толку долго, а можноста за безбедно пуштање на толпата била постојано проверувана.
28. За полицијата не било изводливо толпата да се пушта колективно порано отколку кога тоа го сторила. Имало периоди кога патот за пуштање бил блокиран од други толпи кои се обидувале да дојдат во Оксфорд сиркус. Не би било разумно или безбедно да се дозволи овие толпи да се здружат без да се контролира нивното движење. Понатаму, имало долги периоди во текот на кои полицијата немала доволно луѓе за да овозможи безбедно пуштање, и не било сугерирано дека началникот на Метрополитенската полиција можел или требало да има повеќе полициски службеници на располагање отколку што имал на улиците тој ден. Една од причниите зошто ресурсите не биле соодветни била што значителен дел од толпата не соработувал со полицијата во кордонот околу нив. Судијата проценил дека околу 40% од лицата била активно насилни во секој момент, туркајќи и фрлајќи проектили, и воопшто покажувајќи несоработка. Тие кои не туркале или не фрлале проектили не се одделувале од помалото малцинство на оние кои тоа го правеле. Како последица на тоа во кордонот морало да има доволно службеници за да одвратат заедничко туркање на тие луѓе во обид да го пробијат кордонот. Толпа која соработува би било полесно да се контролира со помалку полицајци, со што останатите полицајци би биле на располагање за контролирање на пуштањето на лица од кордонот. Другата причина поради која имало недоволно ресурси била што други толпи надвор од кордонот одбивале да прифатат контрола или насоки од страна на полицијата. Полицијата правела сѐ што може во исклучително тешки околности. Полициските сили кои биле потребни за контрола на разотидувањето на толпата на Оксфорд сиркус биле неопходно и правилно распоредени на други места. Тоа не значело дека полицијата требало да ѝ дозволи на толпата на Оксфорд сиркус да се разотиде без контрола. Според судијата, тоа би било негирање на должноста на полицијата да спречи нарушување на мирот, и на нејзината должност да постапува внимателно и позитивната обврска да ги штити припадниците на толпата и трети страни, вклучително и полициски службеници, од ризикот од тешка повреда, како и да заштити трети страни од ризикот од оштетување на имотот.
29. Во околностите на Оксфорд сиркус, и особено со оглед на тешкотиите кои полицијата ги имала во утврдувањето на тоа кои се мирни и насилни или потенцијално насилни поединци во кордонот, судијата не можел да утврди друга изводлива политика на поединечно пуштање освен таа која била применета. Откако бил поставен кордонот, секоја мерка на контролирано пуштање морала да потрае за сите луѓе од толпата да бидат пуштени. Невозможно било да се каже колку долго би траела, доколку немало претреси или собирање докази, но секако не било нешто што трале дваесет минути. Ако пуштањето било следено со претреси и прибирање докази, тоа морало да трае колку што траело во конкретниот случај од моментот кога почнало одново во 19 часот и 30 минути, што значи најмалку околу еден до два часа.
30. Што се однесува на тврдењето за неоправдано затворање, судијата Tugendhat J дека постоела одбраната на неопходност и дека полициската акција била неопходна.
31. Во врска со член 5, судијата одлучил дека задржувањето во кордонот претставувало лишување од слобода во смисла на член 5 § 1. Иако одлучил дека никогаш немало намера кај полицијата сите оние кои биле задржани на Оксфорд сиркус да бидат изведени пред судија, целта била да се држи толпата за полицијата да може да ги уапси и да ги изведе пред суд сите за кои разумно се сметало дека извршиле кривични дела и оние чие апсење било неопходно за да бидат спречени да извршат кривични дела, и дека тоа било доволно за обврските од член 5 § 1(в).
32. Понатаму, судијата Tugendhat J одлучил дека, во невообичаените факти на случајот, немало мешање со правата на слобода на говорот и мирно собирање. Ниту еден од сведоците не можел да објасни која била целта на собирањето на Оксфорд сиркус или што би се случило таму или на било кое друго место, ако не бил направен полициски кордон. Тој заклучил дека пропагандниот материјал кој бил дистрибуиран однапред од страна на организаторите имал за цел да охрабри барем значително малцинство од присутните да се вклучи во некој облик на создавање нереди или криминална активност, веројатно вклучувајќи кривични дела против јавниот ред како што се групни тепачки, криминална штета и кражби. Ако немало кордон, во пракса би било невозможно во оваа средина на нереди за лицата кои имале намера законито да простестираат тоа да го сторат. Понатаму, немало докази дека било кој на Оксфорд сиркус имал намера да користи права на говор кои фактички не можел да ги искористи. Судијата Tugendhat J затоа заклучил дека случајот се однесува на јавен ред и правото на слобода, а не на слободата на говор или слободата на мирно собирање, и тој ги одбил тужбите на тужителите.
(в) Апелационен суд
33. Судијата Tugendhat J ги одобрил жалбите на г-ѓа Austin и г-н Saxby против заклучоците во однос на наводите за неправилно затворање и според член 5 од Конвенцијата. Со пресуда донесена на 15 октомври 2007 ([2007] EWCA Civ 989), Апелациониот суд ја одбил жалбата.
34. Во врска со наводите на неправилно лишување од слобода, Апелациониот суд одлучил дека, за да спречи прекршување на мирот од други лица, полицијата можела законито да преземе мерки кои се мешале во или ја ограничувале законитата употреба на правата на невини трети страни, но само кога сите други можни чекори биле преземени за да се избегне нарушување на мирот и да се заштитат правата на трети страни, и кога преземените дејствија биле разумно потребни и пропорционални. Применувајќи го овој тест, во околностите на демонстрациите на Оксфорд сиркус, задржувањето на г-ѓа Austin било законито затоа што било неопходно да се спречи претстојна закана за нарушување на мирот од страна на други лица.
35. Во врска со наводите по член 5, Апелациониот суд заклучил дека задржувањето не претставувало лишување од слобода. Сер Anthony Clarke MR, донесувајќи ја пресудата на судот, одлучил:
„102. ... Првото прашање е дали жалителите биле лишени од слобода од самиот почеток. Според нашето мислење тие не биле лишени од слобода. Позицијата во тоа време не била различна во смисла на лишување од слобода од други видови на задржување или лишување од слобода на кои судијата се повикал и кои не би се сметале за лишување од слобода според член 5(1). Добар пример за тоа е можеби толпата на фудбалски натпревари. Вообичаено е таквата толпа да биде контролирана за понекогаш и подолг временски период, делумно заради заштита на лицата во толпата и делумно (во некои случаи) за да се избегне насилство помеѓу толпи, можеби помеѓу спротивставени групи на навивачи...Други примери би биле...на пример кога мотоциклисти не можат да поминат автопат, можеби и со часови, заради полициска акција после сообраќајна незгода. Во такви случаи може да е потребно полицијата да задржи поединци во определени области подолго отколку што било првично замислено.
103. Според нас ова било таков случај. Судејќи според наодите на судијата во однос на фактите, полицијата немала друга алтернатива освен да го направи кордонот. Тие предвиделе мирно пуштање на поединци од кордонот во текот на два или три часа за да се избегне насилство. Судијата ги утврдил различните цели на полицијата, во кои спаѓале безбедноста и спречувањето на кривични дела од страна на поединци во толпата многу од кои не можеле да бидат идентификувани. Во овие околности правењето на кордонот, според нас, не може да се смета за облик на лишување на слобода за кој органите од Стразбур би утврдиле дека е лишување од слобода во смисла на член 5(1). Од овие причини одлучуваме дека судијата во принцип погрешил во заклучокот дека жалителите биле незаконито лишени од слобода почнувајќи од 14 часот и 20 минути.
104. Врз основа на тоа, останува ние одново да со разгледаме преостанатото прашање, имено дали тие биле незаконски лишени од слобода после првичното правење на кордон. Според нас одговорот на тоа прашање е „не“. Така на пример ...во повеќе наврати во текот на попладнето полицијата дала наредба за започнување контролирано пуштање од кордонот, но увидувала дека не е возможно тоа да се спроведе безбедно...Во три прилики одлуката да се започне со контролирано пуштање кон север морало да биде преоценето или одложено заради однесувањето на протестантите и во и надвор од кордонот, како последица на што фазата на конечно пуштање до 20 часот и 2 минути....Во текот на целото време имало значително насилство, иако мора да биде нагласено дека жалителите не биле насилни....Како што судијата заклучил...ова не било само статична толпа на протестанти на Оксфорд сиркус опколена од полицијата и држена на едно место седум часа. Се работело за динамична, хаотична и збунувачка ситуација во која имало голем број на други протестанти во непосредна близина надвор од кордонот и кои биле сериозна закана за јавниот ред и кои биле закана и за полицајците и на кордонот и во кордонот.
105. Во овие околности не може разумно да се заклучи дека имало момент во кој она што на почетокот било поблага мерка од лишување од слобода покасно станало лишување од слобода во смисла на член 5(1) oд Конвенцијата. Затоа заклучуваме, спротивно на заклучоците на судијата дела, ако се земат предвид сите релевантни околности, во случајот не станува збор за облик на арбитрерно лишување од слобода во смисла на Конвенцијата.“
(г) Дом на лордови
36. На Г-ѓа Austin, како и г-н Saxby, им било дадено одобрение за жалба до Домот на лордовите во врска со прашањата по член 5 § 1 oд Конвенцијата. Имало расправи на 24 и 25 ноември 2008 и на 28 јануари 2009 била донесена едногласна пресуда, со која била одбиена жалбата од причина што член 5 § 1 не се применувал затоа што жалителите не бил лишени од слобода ([2009] UKHL 5).
37. Лордот Hope of Craighead, со кого останатите лордови се согласиле, го објаснил неговиот пристап во толкување на „лишување од слобода“ на следниот начин:
„23. Примената на член 5(1) на мерки за контролирање на толпи е прашање кое се чини дека досега не било разгледувано од страна на Судот во Стразбур. Затоа нема директни насоки за тоа дали член 5(1) се применува кога полицијата одредува ограничување на слободата на движење само со цел да ги заштити луѓето од повреда или за да избегне тешки оштетувања на имотот. Потребата за донесување мерки на контролирање на толпа во јавен интерес сепак не е нова. Често е потребно, на пример, такви мерки да бидат изречени на футбалски натпревари за да се осигура дека спротивставените навивачи не се конфронтираат едни со други во ситуации кои може да доведат до насилство. Ограничувања на движење можат исто така да бидат наметнсти од страна на полицијата на мотоциклисти во интерес на безбедноста на патиштата после сообраќајна незгода на автопат, или заради спречување на локалните жители да дојдат преблиску до пожар или терористички инцидент. Не е ирелевантно што досега не било сугерирано дека ограничувањата од таков вид ќе го повредат член 5(1) се додека се пропорционални и не се арбитрерни.
24. Ограничувањата кои биле наметнати од полицискиот кордон во овој случај, може да се сметаат, споредени со примерите кои ги дадов предмалку, дека биле од повисок степен и интензитет. Но, Лордот Pannick QC за тужениот, изјави дека човек не можел разумно да ја игнорира целта на ограничувањето или околностите. Лишувањето од слобода во вообичаена смисла на зборот не било ничија цел. Нема да имало прашање дали дошло до лишување од слобода ако кордонот траел само 20 минути. Фактот што тој траел многу подолго не треба да прави разлика, затоа што фактот што не било возможно да се пуштат сите од кордонот порано бил последица на околности кои биле вон контрола на полицијата. Ова било случај, тој рече, каде одговорот на прашањето дали тоа било сторено во опсегот на член 5(1) требало да се утврди преку воспоставување рамнотежа помеѓу правата на поединецот и интересите на општеството. Било секако потребно да се даде потполно дејство на фактот што член 5 бил фундаментално право од огромна важност. Но, фактот што за ограничувања немало оправдание освен во случаите наведени во потставовите (а) до (ѓ) посочувал кон потребата за водење грижа за утврдување на лимитите на негова примена.
25. Г-ѓа Williams QC адвокат за жалителот, од друга страна, рече дека целта поради која мерката била наметната била ирелевантна. Фактот што што мерката била неопходен одговор и што била пропорционална било предуслов за утврдување на законитоста на мерката во смисла потставовите (а) до (ѓ) од член 5(1). Но, не одела подалеку од тоа. Не требало да се воспостави рамнотежа кога се размислува дали член 5(1) се применувал во однос на мерките кои ги презела полицијата. Прашањата за целта и рамнотежа се поставувало само кога се анализирале случаите наброени во потставовите (а) до (ѓ).
Дали целта е релевантна?
26. Одлуката дали имало лишување од слобода, се разбира, во огромен дел зависи од фактите на случајот. Затоа мало значење може да се изведе од одлуките за примена на член 5 кои во целост зависат само од фактите на тој случај. Но, тие имаат значење кога може да се каже дека илустрираат прашања на принцип. Во овој случај од делумна помош се случаите во однос на обемот во кој треба да се земе предвид целта или намената на мерката за која станува збор кога се анализира дали таа воопшто влегува во досегот на член 5(1).
27. Ако намената е релевантна, тоа мора да е така за да се овозможи да се воспостави рамнотежа помеѓу тоа што со ограничувањето треба да се постигне и интересите на поединецот. Сугестијата дека треба да се воспостави рамнотежа во почетната фаза кога се разгледува опсегот на членот не била спомената во Engel v The Netherlands (No 1) (1976) 1 EHRR 647 or Guzzardi v Italy (1980) 3 EHRR 333. Ниту пак може да се каже дека тоа е засновано на формулацијата на членот. Но, јас мислам дека има доволно индикација во судската пракса на Судот дека прашањето на рамнотежа е инхерентно на концептите кои се заштитени со Конвенцијата и дека тие играат улога при анализата на опсегот на најважните фундаментални права кои ја штитат физичката безбедност на поединецот.“
Лордот Hope потоа анализирал повеќе пресуди и одлуки на Судот и Комисијата, вклучително X. v the Federal Republic of Germany, no. 8819/79, Commission decision of 19 March 1981, Decisions and Reports (DR) vol. 24, p. 158; Guenat v Switzerland, no. 24722/94, Commission decision of 10 April 1995, DR vol. 81-B, p. 13; H.M. v. Switzerland, no. 39187/98, ECHR 2002‑II; Nielsen v. Denmark, 28 November 1988, Series A no. 144; Soering v. the United Kingdom, 7 July 1989, Series A no. 161; O’Halloran and Francis v. the United Kingdom [GC], nos. 15809/02 and 25624/02, ECHR 2007‑III; N. v. the United Kingdom [GC], no. 26565/05, 27 May 2008, и заклучил:
„34. Јас би заклучил дека има простор, дури и во случајот на фундаментални права за чија примена не е дозволено ограничување според Конвенцијата, за прагматичен пристап кој во целост ги зема предвид сите околности. Член 5 не упатува на интересите на јавна безбедност или заштита на јавниот ред како еден од случаите во кои едно лице може да биде лишено од слобода. Ова е сосем различно од член 10(2) со кој изречно се квалификува слободата на изразување во тој поглед. Но, важноста која мора да се придаде во контекст на член 5 на мерките донесени во интерес на јавната безбедност е посочена во член 2 од Конвенцијата, затоа што животите на лицата засегнати од насилство на толпата може да бидат изложени на ризик ако не можат да се преземат мерки за контрола на толпата од страна на полицијата. Ова е ситуација во која е потребно барање на рамнотежа за овие спротивставени фундаментални права да се помират едно со друго. Досегот кој му е даден на член 5 во однос на мерките за контролирање на толпа мора, се разбира, да ги земе предвид правата на поединецот како и интересите на заедницата. Затоа сите чекори кои се преземаат мора да бидат донесени во добра вера и мора да биде пропорционални на ситуацијата која ја предзвикала потребата тие мерки да бидат донесени. Ова е од суштинска важност за да се зачува фундаменталниот принцип дека било која мерка со која се засега правото на слобода на една личност не смее да биде арбитрерна. Ако овие услови се исполнете сепак ќе биде правилно да се заклучи дека мерките за контрола на толпата кои се преземени во интерес на заедницата нема да ги прекршуваат на поединечни лица во толпата од член 5 чија слобода на движење е ограничена со тие мерки.“
Лордот Neuberger of Abbotsbury се согласил дека немало лишување од слобода, и забележал:
„58. Полицијата има должност да го одржува мирот кога има закани за нереди, и да презема разумни чекори за спречување на сериозни јавни нереди, особено ако вклучуваат насилство врз поединци и имот. Секоја разумна личност која живее во модерна демократија разумно би очекувала да биде задржана, или барем да приафти дека било правилно тоа што може да биде задржана, во ограничен простор од страна на полицијата, во некои околности. Затоа, ако вознемирено или лице во алкохолизирана состојба било на слобода со пиштол во некоја зграда, полицијата би била овластена, всушност од неа би се очекувало, да обезбеди дека, можеби и повеќе часови, припадниците на јавноста ќе бидат задржани таму каде што се наоѓаат, дури и ако е тоа прилично мала просторија со повеќе други луѓе. Исто така, кога има групи на навивачи на спротивставени тимови на футбалски натпревар, полицијата рутински, и очигледно правилно, ќе осигура дека, за да се избегне насилство и неред, двете групи се држат одделно, што често подразбира задржување на една или двете групи во релативно мал простор значително долг временски период. Или ако има незгода на автопат, вообичаено е, и повторно правилно, полицијата да бара возачите и патниците да останат во нивните моторни возила без да се движат, често и подолго од час или два. Во сите тие случаи, полицијата ги задржува поединците за нивна заштита и за да спречи насилство над лица или имот.
59. Затоа, според мене, кога има демонстрации, особено кога има демонстрации за кои оправдано се очекува дека ќе има значителни нереди и насилство, од полицијата мора да се очекува, и навистина некогаш и да се бара, да преземе чекори за да осигура дека нема да дојде до такви нереди и насилство, или во најмала рака, дека тие ќе бидат сведени на минимум. Таквите чекори мора често да вклучуваат ограничување на движењето на демонстрантите, и понегаш и на тие членови на јавноста кои ненамерно се заглавени во демонстрацијата. Во некои случаи, тоа мора да подразбира луѓе кои се задржани во релативно мал простор за определен временски период.
60. Во такви случаи, мене ми се чини дека е нереално да се тврди дека член 5 може воопшто да се примени, под услов, и тоаа многу важен услов, дека дејствијата на полицијата се пропорционални и разумни, и дека секое задржување е ограничено на разумен минимум, и во однос на неудобност и временски, колку што е неопходно за релевантната цел, имено спречување на сериозни нереди и насилство.
61. Беше сугерирано во име на жалителот дека, во секој случај во некои од примерите кои јас ги дадов, може да се претпостави согласноста на засегнатите лица. Јас не сум сигурен дека тоа е задоволителна анализа, и не само затоа што, освен ако согласност се смета за недоброволна или дека нема сомневање дека била дадена, дека полицијата не би се занимвала со случај на лице кое ја информирало полицијата дека тој се противел на тоа да биде задржан. Сепак, ако претпоставена согласност е соодветна основа за оправдување на задржување во смисла на член 5, тогаш мене ми се чини дека задржувањето во овој случај би можело да биде оправдано врз основа на тоа дека секој кој е на улица, особено на демонстрација за која е добро познато дека е ризик за сериозно насилство, мора да се земе дека се согласува на можноста да биде задржан од страна на полицијата, ако е тоа разумен и пропорционалнен начин за спречување на сериозни нереди и насилство.
62. Затоа, исто како и Апелациониот суд, јас би заклучил дека, во светло на заклучоците на судијата, резимирани во параграф 57 погоре, дејствијата на полицијата во овој случај на довеле до повреда на правата на жалителот од член 5. Карактеристиката на овој случај кој е причина за загриженост е времетраењето на задржувањето, речиси седум часа. Сепак, откако беше заклучено дека разумно и пропорционално ограничување, кое е предуслов за спречување на сериозни јавни нереди и насилство, не го повредува челн 5, ми се чини тешко да се тврди дека самиот факт што ограничувањето било невообиачено долго, може, сам по себе, да ја претвори ситуацијата која инаку не би влегувала во досегот на член 5, во ситуација која влегува во досегот на тој член. Мислам дека определена поткрепа за тоа гледиште може да се најде во случаи во кои било одлучено дека лишувањето од слобода во затвор не е вон опсегот на член 5 затоа што траело кратко – види на пример, Novotka v Slovakia (Application No 47244/99) 4 November 2003.
63. Како што веќе беше посочено, мене ми се чини дека намерата на полицијата е релевантна, особено во нетипичен случај, како овој, и кога намерата е очигледна од надворешните околности. Ако произлезело, на пример, дека полицијата го одржала кордонот, подолго отколку што било потребно за контролирање на толпата, за да ги казни, или „за да им одржи лекција“ на демонстрантите во кордонот, тогаш мене ми се чини дека би дошло до многу поразлични согледувања. Во такви околности, јас би помислил дека би имало поубедлив аргумент за да се каже дека одржувањето на кордонот довело до лишување од слобода во смисла на член 5. Сепак, како што се гледа од јасните и внимателни наоди на судијата, кои сосема правилно не беа оспорени по жалба, не може да стане збор за такво тврдење да се даде во овој случај.
64. Понатаму, вреди да се земе предвид, барам како што јас гледам на тоа, дека ако ограничувањето во овој случај претставувало лишување од слобода во смисла на член 5, не би било возможно полицијата да го оправда тоа лишување од слобода со исклучоците во потставовите (б) или (в), и не само поради образложението на Европскиот суд во Lawless v Ireland (No 3) (1961) 1 EHRR 15. Јас сметам дека фактот што ограничувањето во овој случај не можело да се оправда со ниту еден од исклучоците во потставовите (а) до (ѓ) го поткрепува тврдењето дека ограничувањето воопшто не претставувало лишување од слобода во смисла на член 5. Мене ми се чини дека би било многу чудно ако полицијата не можела да постапи на начинот на кој постапила во овие околности, без да ги повреди правата од член 5 на оние кои биле задржани.“
Лордот Carswell се согласил со Лордот Hope а Лордот Scott of Foscote се согласил со Лордовите Hope и Neuberger, нагласувајќи дека „целта на задржувањето или ограничувањето и целта на лицата кои биле одговорни за наметнување на тие мерки се едни од најважните околности кои треба да се земат предвид при носење на одлука“ дали дошло до лишување од слобода.
Лордот Walker of Gestingthorpe се согласил со Lord Hope, но, дополнил, како „фуснота“:
„43. Во параграфите 26ff oд неговото мислење Лордот Hope го поставува прашањето „дали целта е релевантна?“ Неговиот заклучок е многу внимателен, што значи, дека има простор (параграф 34), дури и во случај на фундаментални права, за прагматичен пристап со кој во целост се земаат во предвид сите околности. Јас со должна почит се согласувам дека е правилно да се биде внимателен по ова прашање. Судот во Стразбур често појаснува дека сите околности може да бидат релевантни при утврдувањето дали имало лишување од слобода: види на пример, HM v Switzerland (2004) 38 EHRR 314, параграф 42: ... треба да се воочи дека во наброените фактори, колку и да се широки, не вклучуваат намена.
44. Целта на ограничувањето за кое може да се спори дека доведува до лишување од слобода и релевантна земено општо, не во однос на тоа дали бил надминат прагот, туку дали ограничувањето може да биде оправдано според член 5(1)(a) до (ѓ): види на пример (во врска со член 5(1)(д)) Nielsen v Denmark (1988) 11 EHRR 175; Litwa v Poland (2001) 33 EHRR 1267; Wall v Sweden, (10 December 2002) admissibility decision 41403/98; HM v Switzerland (above); HL v United Kingdom (2005) 40 EHRR 32; Enhorn v Sweden (2005) 41 EHRR 633; and Storck v Germany (2006) 43 EHRR 96. Ако е утврдено ограничување кое претставува лишување од слобода и од лична безбедност, добрите намери не можат да надоместат за било какви недостатоци во оправдувањето на задржувањето според еден од исклучоците наброени во член 5(1)(a) до (е), кои треба да бидат толкувани стриктно.
45. Mногу од овие случаи по член 5(1)(д) исто така отвораат прашања за изречната или имплицитна согласност (на примање во психијатриско одделние или дом за стари лица). Некои од постарите случаи се чинат спорни денес во оној обем во кој се повикуваат на „родителски права“ (особено Nielsen, во која било одлучено со девет против седум гласа дека сместувањето во психијатриско одделение на дванаесет годишно момче не било лишување од слобода, заради „родителските права“ на неговата мајка). Случајот Storck, јас мислам, испрати јасна порака посочувајќи поинаков пристап кон личната автономија на малите луѓе (иако несреќната жалителка во овој случај имала осумнаесет години во времето на нејзиното задолжително лекување во заклучено одделение во клиника во Бремен, за што и бил доделен исклучително висок износ на нематеријална штета).
46. Исто така чувствувам определена нелагодност во врска со одлуката во X v Germany (19 March 1981) admissibility decision 8819/79; полициските станици можат да бидат застрашувачки места за било кого, особено за деца, и изгледа прилично неискрено да се образложи дека
„во овој случај полициската акција немала за цел лишување на децата од слобода туку само да се добијат информации од нив за тоа како дошле до предметите кои биле најдени кај нив и за кражбите кои претходно се случиле во училиштето.“
47. Откако го кажав сето тоа, сепак, заклучувам дека е од суштинска важност, во овој случај, да се постави едноставно прашање: што правела полицијата на Оксфорд сиркус на 1 мај 2001? Што им била целта? Одговорот е, како што објасни Лордот Hope објасни во неговото целосно резимирање на неспорните заклучоци на судијата, дека полицијата била вклучена во невообичаено тешко вршење на контрола на толпата, со цел да се избегнат повреди на лица и штета на имот. Повисоките службеници кои ги воделе операциите биле решени да избегнат несреќи како таа што се случила на Ред лајонс сквер на 15 јуни 1974. Целта на полицијата била да се растера толпата, и фактот што остварувањето на таа цел траело подолго отколку што се очекувало се должел на околности кои биле вон контрола на полицијата.“
ПРАВО
НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 5 § 1 OД КОНВЕНЦИЈАТА
38. Жалителите се жалеа дека тие биле лишени од слобода спротивно на член 5 § 1 oд Конвенцијата, кој гласи:
“ Секој човек има право на слобода и на безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на закон во долунаведените случаи:
а. ако издржува казна затвор по пресуда на надлежниот суд;
б. ако бил уапсен или притворен поради противење на законскиот налог на судот или со цел да се обезбеди извршување на со закон пропишана обврска;
в. ако е уапсен или притворен поради приведување пред надлежна судска власт, кога постои оправдано сомнение дека тоа лице извршило кривично дело, или кога постојат оправдани причини тоа лице да се спречи да изврши кривично дело, или по извршувањето на кривичното дело да побегне;
г. ако се работи за притвор на малолетник врз основа на законска процедура, заради воспитување под надзор или заради приведување пред надлежна судска власт;
д. ако се работи за притвор на лице за да се спречи ширење на некоја заразна болест, на ментално оболени лица, алкохоличари, наркомани и скитници;
ѓ. ако се апси или притвора лице врз основа на закон, со цел да се спречи илегално да влезе во земјата или лице против кое е во тек постапка за протерување или израчување.“
39. Владата тврдеше дека член 5 § 1 не бил применлив, затоа што немало лишување од слобода. Доколку Судот утврди дека членот е применлив, таа изјави дека било какво лишување од слобода било во согласност со член 5 § 1(б) и/или (в).
A. Аргументи на странките
1. Владата
40. Владата изјави дека полицијата не ги лишила жалителите од слобода, во смисла на член 5 § 1. Tаа нагласи дека еден од најосновните принципи кој е инхерентен на Конвенцијата бил принципот дека мора да се воспостави правична рамнотежа помеѓу интересите на заедницата и заштитата на правата на поединецот. Потребата да се воспостави таква рамнотежа била тема која се провлекувала низ судската пракса на Судот и исто така требало да се земе предвид кога се утврдува дали имало лишување од слобода. За разлика од членовите 8-11 од Конвенцијата, член 5 § 1 не бил подложен на одредба во однос на генерално оправдување. Затоа било важно да не усвои преширок концепт на „лишување од слобода“.
41. Релевантните принципи за утврдување дали имало лишување од слобода биле најпрво наведени од страна на Судот во Engel and Others v. the Netherlands, 8 June 1976, §§ 58-59, Series A no. 22, потоа во Guzzardi v. Italy, 6 November 1980, §§ 92-93, Series A no. 39 и во бројни подоцнежни случаи. Оваа судска пракса јасно покажува дека прашањето дали имало лишување од слобода мора да се анализира во однос на специфични факти на случајот. Времетраењето на мерката бил еден од факторите кои треба да се земат предвид, но фактот што контроли биле наметнати подолг временски период не бил доволен сам по себе да доведе до лишување од слобода, како што јасно се гледало од случаите за ноќен полициски час: види Raimondo v. Italy, 22 February 1994, Series A no. 281‑A and Trijonis v. Lithuania, no. 2333/02, 15 December 2005. Целта поради која мерката била наметната била релевантен фактор и можела да не оди во полза на заклучокот на Судот дека има лишување од слобода, дури и кога имало физичко задржување во конкретно место подолг временски период: види Engel, цитиран погоре, параграф 59, каде Судот забележал дека контекстот на воена дисциплина морал да биде земен предвид; види исто така Nielsen v. Denmark и H.M. v. Switzerland, цитирани погоре, каде Судот наоѓајќи дека член 5 не бил применлив, ја зел во обзир хуманитарната намена на задржувањето. Овој пристап бил во принцип правилен, затоа што целта на член 5 § 1 била спречување на арбитрерно и неоправдано лишување од слобода.
42. Во досегашната судска пракса не се анализирани околности како околностите за кои се одлучува во овој случај, каде било потребно полицијата да преземе пропорционални мерки да задржи лица определен временски период за да спречи сериозни јавни нереди од кои постоел значителен ризик од смрт или сериозна повреда. Ако член 5 би се толкувал дека забранува правење на кордон на Оксфорд сиркус на Први мај 2001, полицијата во државите договорнички би била обврзана да подготвува алтернативни методи за справување со насилни демонстрации, кои не биле спорни од аспект на член 5, но би биле далеку поопасни за сите засегнати, како што е употреба на солзавец или гумени куршуми.
43. Домот на лордови и Апелациониот суд правилно ги примениле принципите изведени од судската пракса на Судот при утврдувањето дека немало лишување од слобода кога кордонот бил првично поставен. Привремено ограничување на слободата на движење на јавен пат дури и ако било апсолутно не претставувало лишување од слобода, како што јасно се гледало од примерите кои се однесуваат на толпи на футбалски наптревари или сообраќај на автопат на кои се повикале домашните судови. Прашањето во тој случај било дали времетраењето на кордонот го претворало ограничувањето на слободата на движење во лишување од слобода. Тоа морало да зависи од сите околности, особено целта на полицијата да ја заштити безбедноста на сите лица во и надвор од кордонот и неопходноста на мерката, затоа што немало други чекори кои полицијаа можела да ги преземе за да спречи сериозни јавни нереди.
44. Ако Судот утврди дека имало лишување од слобода, тоа било оправдано според член 5 § 1(б), за да се обезбеди исполнување на „обврска предвидена со закон“ да му се овозможи висок полициски службеник да се справи со нарушување на мирот. Како друга алтернатива, било какво лишување од слобода спаѓало во исклучокот на член 5 § 1(в), во тоа што задржувањето на секој жалител било неопходно за да се овозможи полицијата да го спречи очекуваното нарушување на мирот.
2. Жалителите
45. Според жалителите, за да се утврди дали дошло до лишување од слобода неопходно било објективно да се процени конкретната ситуација на поединецот, особено дали постоело „задржување во определен ограничен простор за незанемирлив временски период“, и дали тој или таа „дал валидна согласност“ тоа да се случи (види Storck v. Germany, no. 61603/00, § 74, ECHR 2005‑V). Кога употребената мерка не подразбира лишување од слобода во класична смисла на затворање, таа треба да биде оценета со оглед на природата и обемот на ограничувањето, начинот на негова имплементација, времетраење и неговото влијание врз жалителот. Така, на пример, колку што е поголем обемот на ограничувањето и колку што е поголем степенот на принуда од страна на државните органи, потребно е толку пократко време за да се утврди лишување од слобода.
46. Жалителите сметаа дека опсервациите на Владата биле засновани на нов и контроверзен предлог дека задржувањето кое било неопходно од бенигна или причина од јавен интерес не доведувало до лишување од слобода, барем вон ситуации на класично затворање. Жалителите не се согласија и тврдеа дека ако некоја мерка била употребена во околности кои поинаку би довеле до лишување од слобода, намерата или целта поради која мерката била преземена била ирелевантна при оцената дали дошло до лишување од слобода. Целта поради која била преземена мерката била од значење само за да се открие дали утврденото лишување од слобода било оправдано во однос на шесте цели прецизирани во член 5 § 1(a)-(ѓ), кои, во секој случај, треба да бидат строго толкувани. Не било возможно да се толкува концептот на лишување од слобода различно во однос на ограничувања наметнати од причини на јавен ред, за разлика од мерки наметнати од бенигни или причини од јавен интерес.
47. Жалителите исто така изјавија дека обидот на Владата да го поддржи својот аргумент повикувајќи се на барањето на правична рамнотежа помеѓу барањата на јавниот интерес и потребата да се заштитат правата поединците бил погрешен. Таа правична рамнотежа веќе била воспоставена со самата формулација на правата кои се заштитени со Конвенцијата. Судот не можел да ги одмерува спротивставените согледувања во однос на јавниот интерес и при тоа да го намали опсегот на заштита. Секоја оцена која Судот ја правел во однос на правичната рамнотежа била заснована на структурата на конкретниот член и се правела само во просторот оставен од таа структура, на пример, преку ограничување на опсегот на позитивните обврски кои произлегуваат од определени членови. Ако главното тврдење на Владата било точно, државите би можеле да ја заобиколат заштитата која ја дава член 5, лишувајќи ги луѓето од слобода поради многу причини кои се надвор од опсегот на член 5 § 1(a)-(ѓ), под услов да се докаже дека имало потреба и без тие поединци да ги имаат заштитните механизми, процедурални и материјални, обезбедени со член 5.
48. Жалителите не сметаа дека имало лишување од слобода од моментот кога кордонот бил направен. Сепак, со оглед на карактерот на задржувањето, неговото принудно спроведување, долгото траење и последиците врз жалителите, задржувањето во полицискиот кордон очигледно било лишување од слобода. Фактот што домашните судови нашле дека тоа било неопходна мерка за зачувување на јавниот ред бил ирелевантен за ова прашање.
49. Лишувањето од слобода не било оправдано според било кој од потставовите на член 5 § 1. Посебно, што се однесува на член 5 § 1(б), жалителите не биле лишени од слобода „заради исполнување на обврска предвидена со закон“, затоа што ова оправдание можело да настане само кога поединецот имал специфична и конкретна обврска и лишувањето од слобода зависело од нејзиното исполнување. „Обврската“ не можела да биде услов за наметнување на самото лишување од слобода. Понатаму, лишување од слобода врз основа на член 5 § 1(в), “кога постојат оправдани причини тоа лице да се спречи да изврши кривично дело“, бара да дошло до лишувањето од слобода за да се спречи лицето за кое станува збор да изврши кривично дело и дека било намера на домашните органи во моментот на лишување од слобода да го изведат лицето пред наджелен судски орган во текот на кривична постапка. Ниту еден од овие услови можел да се докаже во овој случај.
Б. Оцена на Судот
1. Допуштеност
50. Судот смета дека прашањето дали жалителите биле лишени од слобода, и затоа и дали член 5 § 1 е применлив, е тесно поврзано со основаноста на жалбените наводи на жалителите. Затоа го спојува ова претходно прашање кон основаноста на жалбата.
51. Одлучува дека овој случај не е недопуштен по било кој друг основ и затоа го прогласува за допуштен.
2. Основаност
(a) Општи принципи
52. Точно е, како што странките посочуваат, дека ова е прв пат Судот да ја анализира примената на член 5 § 1 oд Конвенцијата во однос на „kеttling“ или задржување на група на лица извршено од страна на полиција заради одржување на јавен ред. При толкувањето на член 5 § 1 во овие околности, и особено при утврдувањето дали имало лишување од слобода, Судот се раководи од следните општи принципи.
53. Прво, како што Судот има нагласено во многу прилики, Конвенцијата е жив инструмент која мора да се толкува во светло на условите на денешницата и идеите кои преовладуваат во демократските држави денес (види, помеѓу дури претходни судски пресуди, Tyrer v. the United Kingdom, 25 April 1978, § 31, Series A no. 26; Kress v. France [GC], no. 39594/98, § 70, ECHR 2001-VI; Christine Goodwin v. the United Kingdom [GC], no. 28957/95, § 75, ECHR 2002‑VI; и најнеодамна, Bayatyan v. Armenia [GC], no. 23459/03, § 102, ECHR 2011). Tоа сепак не значи дека за да одговори на потребите, условите и гледиштата на денешницата, Судот може да создаде ново право покрај тие права кои се признати со Конвенцијата (види Johnston and Others v. Ireland, 18 December 1986, §§ 51-54, Series A no. 112) или дека може да прилагоди постоечко право или да создаде нов „исклучок“ или „оправдување“ кое не е изречно признато со Конвенцијата (види, пример, Engel and Others, цитиран погоре, § 57 и Ciulla v. Italy, 22 February 1989, § 41, Series A no. 148).
54. Второ, Конвенцијата мора да се чита како целина, и да се толкува на начин со кој се промовира внатрешна услогласеност и хармонија помеѓу нејзините различни одредби (Stec and Others v. the United Kingdom (dec.) [GC], nos. 65731/01 and 65900/01, § 48, ECHR 2005‑X).
55. Со оглед на контекстот во кој била применета мерката во овој случај, Судот смета дека е соодветно да потсети, заради целосна слика, дека член 2 од Протокол бр.4 од Конвенцијата го гарантира правото на слобода на движење. Точно е дека жалителите не се повикаа на оваа одредба, затоа што Обединетото Кралство не го има ратификувано Протокол бр. 4 и затоа не е со него обврзано. Според Судот, сепак, со оглед на важноста и релевантноста на одделните одредби на член 5 и член 2 од Протокол бр. 4, ќе биде корисно да се направат следните согледувања. Прво, член 5 не треба, во принцип, да се толкува на начин дека ги содржи условите на Протокол бр. 4 во однос на државите кои не го ратификувале тој протокол, вклучувајќи го Обединетото Кралство. Во исто време, член 2 § 3 oд тој протокол дозволува да бидат наметнати ограничувања на правото на слобода на движење кога е потребно, помеѓу останатото, за одржување на јавниот ред, спречување на кривично дело или заштита на правата и слободите на други. Во врска со член 11 од Конвенцијата, Судот има одлучено дека мешањето во слободата на мирно собирање е во принцип оправдано за спречување на нереди или кривично дело и за заштита на права и слободите на други кога протестантите преземаат акти на насилство (види Giuliani and Gaggio v. Italy [GC], no. 23458/02, § 251, ECHR 2011). Има исто така одлучено дека, во определени добро дефинирани околности, член 2 и 3 може да подразбираат позитивни обврски за државните органи да преземат превентивни оперативни мерки за да заштитат лица кои се изложени на ризик од тешки повреди од криминални акти на други лица (Giuliani and Gaggio, цитиран погоре, § 244; P.F. and E.F. v. the United Kingdom, (dec.), no. 28326/09, § 36, 23 November 2010). При анализирањето дали домашните органи ги исполниле таквите позитивни обврски, Судот има одлучено дека мора да се земат предвид тешкотиите кои постојат при полициското работење во модерните општества, непредвидливоста на човековите постапки и оперативните избори кои мора да бидат направени во смисла на приоритети и ресурси (Giuliani and Gaggio, цитиран погоре, § 245; P.F. and E.F. v. the United Kingdom, цитиран погоре, § 40).
56. Како што Судот има претходно кажано, на полицијата мора даи се даде степен на дискреционо одлучување при носењето на оперативни одлуки. Таквите одлуки се речиси секогаш комплицирани и полицијата, кој има пристап до информации и разузнавачки податоци кои не се достапни на јавноста, обично ќе биде во најдобра позиција да ги донесе тие одлуки (види P.F. and E.F. v. the United Kingdom, цитиран погоре, § 41). Понатаму, дури во 2001, напредокот на технологијата на комуникации овозоможил протестантите да се мобилизираат брзо и тајно во досега непознати размери. Полицијата во државите договорнички се соочува со нови предизвици, кои веројатно не можеле да се предвидат тогаш кога Конвенцијата била изработена, и имаат развиено нови техники на полициско работење за справување со тие предизвици, вклучувајќи и задржување или „kettling“. Член 5 не може да се толкува на начин со кој за полицијата станува непрактично да ги исполни своите должности на одржување на јавниот ред и заштита на јавноста, под услов полицијата да постапува во согласност со темелниот принцип на член 5, кој е заштита на поединецот од арбитрерност (види Saadi v. the United Kingdom [GC], no. 13229/03, §§ 67‑74, ECHR 2008).
57. Како што беше споменато погоре, член 5 § 1 не се однесува на едноставни ограничувања на слободата на движењето, кои се регулирани со член 2 од Протокол бр. 4. За да се утврди дали некој бил „лишен од слобода“ во смисла на член 5 § 1, почетна точка мора да биде неговата конкретна ситуација и мора да се земат предвид широк спектар на критериуми како што се типот, траењето, ефектите и начинот на имплементација на мерката за која станува збор. Разликата помеѓу лишување од слобода и ограничување на слободата е прашање на степен или интензитет, а не на прашање на карактер и суштина (види Engel and Others, § 59; Guzzardi, §§ 92-93; Storck, § 71, цитирани погоре, исто така, понеодамна, Medvedyev and Others v. France [GC], no. 3394/03, §§ 73, ECHR 2010).
58. Како што Лордот Walker посочил (види параграф 37 погоре), целта на мерката за која станува збор не е спомената во наведените пресуди како фактор кој треба да се земе предвид кога се одлучува дали имало лишување од слобода. Всушност, јасно се гледа од судската пракса на Судот дека главната причина на јавен интерес, на пример да се заштити заедницата против воочена закана од некое лица, нема влијание врз прашањето дали тоа лице било лишено од слобода, иако може да биде релевантна при подоцнежно испитување дали лишувањето од слобода била оправдано според потставовите на член 5 § 1 (види, помеѓу многу други примери, A. and Others v. the United Kingdom [GC], no. 3455/05, § 166, 19 February 2009; Enhorn v. Sweden, no. 56529/00, § 33, ECHR 2005‑I; M. v. Germany, no. 19359/04, 17 December 2009). Истото важи и кога целта да се заштити, да се овозможи третман или нега на некој начин на лицето кое е задржано, освен ако тоа лице дало валидна согласност на тоа што инаку би било лишување од слобода (види Storck, цитирано погоре, §§ 74-78, и случаите цитирани во таа пресуда, и најнов случај, Stanev v. Bulgaria [GC], no. 36760/06, § 117, 17 January 2012; види исто така, во однос на валидност на согласноста, Amuur v. France, 25 June 1996, § 48, Reports of Judgments and Decisions 1996‑III).
Сепак, Судот смета дека обврската да ги земе предвид „типот“ и „начинот на имплементација“ на конкретната мерка (види Engel, § 59 и Guzzardi, § 92, цитирани погоре) му овозможува на Судот да го земе во обзир специфичниот контекст и околностите на другите видови на ограничување покрај вообичаеното затворање во ќелија (види, на пример, Engel and Others, цитиран погоре, § 59; Amuur, цитиран погоре, § 43). Всушност, контекстот во кој се презема некоја мерка е важен фактор кој треба да се земе предвид, затоа што во модерното општество често доаѓа во ситуации во кои јавноста може да биде потребно да претрпи ограничувања на слободата на движење или слободата во интерес на заедничкото добро. Како што забележале судиите во Апелациониот суд и во Домот на лордови, припадниците на јавноста генерално прифаќаат дека може да бидат наметнати привремени ограничувања на нивната слобода на движење во определен контекст, како што се патувањето со јавен превоз или автопат, или при присуство на футбалски натпревар (види параграфи 35 и 37 погоре). Судот не смета дека, таквите вообичаени ограничувања на движењето, се додека се тие неизбежни како последица на околности кои се вон контрола на државните органи и додека се неопходни за да се избегне вистински ризик од сериозна повреда или штета, и додека се сведени на минимумот кој е потребен за остварување на таа цел, можат правилно да се опишат како „лишување од слобода“ во смисла на член 5 § 1.
60. Член 5 заштитува фундаментално човеково право, имено заштитата на поединецот од арбитрерно мешање на државата во неговото или нејзиното право на слобода. Потставовите (a)-(ѓ) на член 5 § 1 содржат исцрпна листа на дозволени основи по кои лицата можат да бидат лишени од слобода и ниту едно лишување од слобода нема да биде во согласност со член 5 § 1 освен ако е засновано на еден од тие основи (види, помеѓу повеќе други пресуди, Al-Jedda v. the United Kingdom [GC], no. 27021/08, § 99, 7 July 2011). Не може да се исклучи дека користењето на задржување и техники за контрола на толпа можат, во определени околности, да доведат до неоправдано лишување од слобода спротивно на член 5 § 1. Во секој случај, член 5 § 1 мора да се толкува на начин со кој се зема предвид специфичниот контекст во кој биле употребени техниките, како и одговорноста на полицијата да ја исполни својата должност на одржување на редот и заштита на јавноста, како што е задолжена според домашното и правото од Конвенцијата.
(б) Примена на тие принципи на фактите на случајот
61. Прашањето дали имало лишување од слобода е, затоа, засновано на конкретните факти на случајот. Во врска со тоа, Судот потсетува дека во рамките на Конвенцијата, таа е предвидена да биде супсидијарна на домашните системи за заштита на човековите права (види A. and Others, цитиран погоре, § 154). Супсидијарноста е во самата основа на Конвенцијата, произлегувајќи од заедничко читање на член 1 и член 19. Судот мора да биде внимателен да не преземе улога на суд од прв степен кој ги утврдува фактите, кога тоа не е неизбежно врз основа на околностите на конкретен случај. Како општо правило, кога се водела домашна постапка, не е задача на Судот да ја замени својата оцена на фактите со оцената на домашните судови и на домашните судови е да ги утврдат фактите врз основа на доказите кои се изведени пред нив. Иако Судот не е врзан со заклучоците на домашните судови и е слободен да направи своја проценка врз основа на сите материјали со кои располага, во нормални околности потребни се убедливи елементи за да доведат до тоа Судот да отстапи од заклучоците во однос на фактите до кои дошле домашните судови (Giuliani and Gaggio, цитирани погоре, § 180). Сепак, затоа што врз основа на член 19 и член 32 од Конвенцијата задачата на Судот е во крајна инстанца да ја толкува и применува Конвенцијата, додека мора да се повикува на заклучоците во однос на фактите донесени од домашните судови, Судот не е ограничен со нивните правни заклучоци во однос на тоа дали имало или немало лишување од слобода во смисла на член 5 § 1 (види, на пример, Storck, цитирани погоре, § 72).
62. Првостепената пресуда била донесена од судијата Tugendhat после судење кое траело три недели, во текот на кое судијата разгледал значителен број на докази за настаните на Оксфорд сиркус на Први мај 2001, вклучително и усни изјави и писмени докази, видео и фотографски докази (види параграф 16 погоре). Тој утврдил, помеѓу останатото, дека информациите кои полицијата ги имала пред настанот, посочувале дека демонстрациите ќе привлечат 500 до 1,000 „хардкор“ насилни демонстранти и дека имало вистински ризик од сериозна повреда, дури и смрт, и штета врз имот ако толпите не биле ефикасно контролирани. Полицијата очекувала толпата да се собере на Оксфорд сиркус околу 16 часот и била неподготвена кога над 1,500 лица се собрале два часа пред очекуваното време. Со оглед на разузнавачките информации кои полицијата ги добила и однесувањето на толпите на претходни демонстрации за слични теми, полицијата одлучила дека, за да спречи насилство и ризик од повредување на лица и оштетување на имот, апсолутен кордон морало да биде направен во 14 часот. Почнувајќи од 14 часот и 20 минути, кога бил поставен целосен кордон, никој од толпата не можел да си замине од подрачјето без дозвола. Во рамките на кордонот имало простор за движење и немало натискување, но условите биле неудобни, без засолниште, храна, вода или тоалети. Во текот на попладнето и вечерта полицијата се обидувала да започне со колективно пуштање, но насилното и некооперативно однесување на значително малцинство во кордонот и околината надвор од кордонот ја приморало полицијата повеќе пати да го одложи пуштањето. Како последица, целосното разотидување не можело да се заврши до 21 часот и 30 минути. Сепак, полицијата им дозволила на околу 400 лица за кои јасно се утврдило дека не учествуваат на демонстрацијата или кои биле сериозно засегнати од ограничувањето, да си заминат (види параграф 17-25 погоре). Овие наоди не беа оспорени од странките на оваа постапка и Судот не гледа причини да отстапи од нив. Првата жалителка, вториот жалител и третата жалителка биле задржани во полицискиот кордон приближно седум часа, а четвриот жалител пет часа и триесет минути.
63. Судот мора да ја анализира конкретната ситуација на жалителите во однос на критериумите наведени во Engel and Others и подоцнежната судска пракса (види параграф 57 погоре). Иако имало разлики помеѓу жалителите, во тоа што првата жалителка присуствувала на Оксфорд сиркус како демонстрант додека пак другите жалители биле минувачи, Судот не смета дека оваа разлика е релевантна за прашањето дали имало лишување од слобода.
64. Според критериумите од случајот Engel, Судот смета дека принудниот карактер на задржување во кордонот; времетраењето; и неговите ефекти врз жалителите, во смисла на физичка нелагодност и неможност да заминат од Оксфорд сиркус, посочуваат кон лишување од слобода.
65. Сепак, Судот мора исто мора да ги земе предвид „типот“ и „начинот на имплементација“ на мерката за која станува збор. Како што беше посочено погоре, контекстот во кој мерката била наметната е важен.
66. Затоа, важно е да се воочи дека мерката била одредена за да се изолира и задржи голема толпа, во непредвидливи и опасни услови. Како што посочи Владата (види параграф 42 погоре), полицијата одлучила да употреби мерка на контролирање на толпа, а не да употреби посилни методи, кои можеле да доведат во поголем ризик од повреда на луѓето во толпата. Судијата од првостепениот суд заклучил дека, со оглед на ситуацијата на Оксфорд сиркус, полицијата немала друга алтернатива освен да да направи апсолутен кордон за да избегне вистински ризик на сериозно повредување или штета (види параграф 26 погоре). Судот не гледа причина за да отстапи од заклучокот на судијата дека во околностите правењето на апсолутен кордон било најненападното и најефикасното средство кое можело да се примени. Всушност, жалителите не тврдеа дека, кога кордонот бил првично направен, лицата кои биле задржани во кордонот биле веднаш лишени од слобода (види параграф 48 погоре).
67. Понатаму, повторно врз основа на фактите утврдени од судијата од првостепениот суд, Судот не може да утврди момент во кој мерката се сменила од она што, најмногу, било ограничување на слободата на движење, во лишување од слобода. Воочливо е дека, околу пет минути откако бил поставен апсолутен кордон, полицијата планирала да започне со контролирани пуштање кон север. Триесет минути покасно, започнал втор обид за пуштање, но бил одложен, заради насилното однесување на лицата во и надвор од кордонот. Помеѓу 15 часот и 18 часот, полицијата ја препроверувала ситуацијата, но пристигнувањето на нови групи протестанти и опасните услови во толпите ја принудило полицијата да смета дека не било безбедно да се обиде да ги пушти лицата кои биле во кордонот. Контролираното пуштање повторно започнало во 17 часот и 55 минути, но било прекинато во 18 часот и 15 минути; повторно продолжило во 19 часот, и прекинало во 19 часот и 20 минути; повторно започнало во 19 часот и 30 минути, повторно прекинало, и потоа спроведено без прекин, во групи од десет луѓе, сѐ додека целата толпа не била пуштена во 21 часот и 45 минути (види параграф 24 погоре). Така, судијата од првостепениот суд утврдил дека истите услови кои наложиле полицијата да ја контролира толпата во 14 часот траеле до околу 20 часот, кога колективното пуштање можело да да се врши без прекини (види параграф 24 погоре). Во овие околности, кога полицијата постојано ја преоценувала ситуацијата, но кога во суштина истите опасни услови поради кои било неопходно наметнување на кордонот во 14 часот, постоеле и во текот на попладнето и раната вечер, Судот не смета дека може да се каже дека лицата кои биле во кордонот биле лишени од слобода во смисла на член 5 § 1. Со оглед на тоа што немало лишување од слобода, не е потребно Судот да испита дали мерката за која станува збор била оправдана во согласност со потставовите (б) или (в) oд член 5 § 1.
68. Судот нагласува дека наведениот заклучок, дека не дошло до лишување од слобода, е заснован на специфичните и исклучителните факти на овој случај. Понатаму, оваа жалба не содржеше жалбен навод по член 10 или член 11 од Конвенцијата и Судот го воочува заклучокот на првостепениот судија дека немало мешање во правата од член 10 и член 11 на слобода на изразување и собирање на лицата задржани во кордонот (види параграф 32 погоре). Мора да се нагласи дека мерките на контролирање на толпа не треба да се користат од домашните органи за директно или индиректно да се пригушат или да се обесхрабрат протести, со оглед на фундаменталната важност на слободата на изразување и собирање во сите демократски општества. Ако не останала потребата полицијата да го наметне и одржи кордонот за да спречи да дојде до сериозни повреди или штета, „типот“ на мерката би бил различен, и нејзината принудна и рестриктивна природа може да биде доволна за член 5 да биде применлив во случајот.
69. Како заклучок, затоа што член 5 е неприменлив, немало повреда на таа одредба во овој случај.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Ги прогласува едногласно жалбите за допуштени;
2. Одлучува со четиринаесет гласа против три дека немало повреда на член 5 од Конвенцијата.
Изработена на англиски и француски јазик, и објавена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 15 март 2012, врз основа на правило 77 §§ 2 и 3 oд Правилата на Судот.
Michael O’BoyleFrançoise Tulkens
СекретарПретседател
Во согласност со член 45 § 2 oд Конвенцијата и правило 74 § 2 oд Правилата на Судот, следното заедничко спротивставено мислење на судиите Tulkens, Spielmann и Garlicki е приклучено кон оваа пресуда.
F.T.
M.O.B.
Издвоеното мислење не беше преведено но, се појавува на англиски јазик и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy