ПРВ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ И.Б. (I.B.) против ГРЦИЈА
(Жалба бр. 552/10)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
3 октомври, 2013 г.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2014 [или годината што следи]. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014 [or subsequent year]. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014 [ou année suivante]. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
КОНЕЧНА
03/01/2014
Оваа пресуда станала конечно согласно членот 44 став 2 од Конвенцијата. Може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот И.Б. (I. B.) против ГРЦИЈА
Европскиот суд за човекови права (прв оддел), заседавајќи во совет составен од:
Изабел Беро-Лефевре (Isabelle Berro-Lefèvre), претстедателка Елизабет Штајнер (Elisabeth Steiner),
Ханлар Хаијев (Khanlar Hajiyev),
Мирјана Лазарова Трајковска (Mirjana Lazarova Trajkovska),
Јулија Лафранк (Julia Laffranque),
Линос-Александер Сиcилианос (Linos-Alexandre Sicilianos).
Ерик Моше (Erik Møse), судии,
и Сорен Нилсен (Søren Nielsen), секретар на оддел,
Расправајќи на затворена седница на 10 септември 2013 година,
Ја донесе следната пресуда, која беше усвоена на последниов датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалба (бр. 552/10) против Република Грција, поднесена од државјанин на таа држава, г-дин И.Б. (I.B.) („жалителот“) кој се обрати до Судот на 2 декември 2009 година повикувајќи се на членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“).
2. Жалителот е застапуван од страна на г-дин Г. Летсас (G. Letsas) и г-дин В. Мантувалу (V. Mantouvalou), адвокати во Лондон. Грчката Влада („Владата“) беше застапувана од страна на претставниците на нејзиниот агент г-ѓа Г. Пападаки (G. Papadaki), судија во Уставен суд, и г-ѓа М. Германи (M. Germani), ревизор во Уставен суд.
3.Жалителот се жалеше особено на повреда на членовите 8 и 14 заедно од Конвенцијата.
4. Со одлука од 28 август 2012 година, советот ја прогласи жалбата за делумно допуштена.
5. Како жалителот така и Владата доставија дополнителни писмени забелешки (член 59 став 1 од деловникот).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
6. Жалителот е роден во 1980 г. и живее во Атина.
7. Жалителот работел од 2001 г. во фирма за производство на накит. На 4 март 2003 година, тој поднел оставка од ова работно место заради отслужување на воен рок. На крајот од истиот, жалителот стапил во контакт со С.К. (S,K,), сопственичка на претпријатието, која одново го вработила на полно работно време од 1-ви јули 2004 г. за месечна плата од 722,92 € (ЕВР).
8. Во јануари 2005 година, жалителот се доверил на тројца колеги, И.М. (I.M.), С.М. (S.M.), и О.Г. (O.G.) дека се плаши дека се заразил со вирусот на хумана имунодефициенција (ХИВ). На 11 февруари 2005 година, додека бил на годишен одмор, со тест утврдил дека навистина бил носител на вирусот. На 15 февруари, работодавачот, г-ѓа С.К., добила писмо од претходно наведените тројца вработени во кои тие укажувале дека жалителот „имал СИДА“ и дека претпријатието требало да го отпушти пред истекувањето на неговиот годишен одмор. Сите тројца направиле тест за СИДА кој се покажал негативен.
9. Во меѓувреме, информации за здравствената состојба на жалителот се прошириле во целото претпријатије, кое имало 70 вработени. Вработените почнале да се жалат на работодавачот дека мораат да работ со заразено лице и побарале негово отпуштање од работа. С.К. тогаш го поканила трудовиот лекар да дојде во претпријатието за да ги информира вработените за ХИВ и за неговото пренесување. Лекарот се обидел да ги смири вработените објаснувајќи им кои мерки на претпазливост требало да ги преземат. Вработените упорно барале жалителот да биде отпуштен од работа. С.К. тогаш сакала да го префрли жалителот во друг оддел од претпријатието што се наоѓал на друга адреса, но шефот на одделот се заканил дека ќе поднесе оставка ако жалителот влезел во неговата служба. С.К. тогаш му предложила на жалителот да ја напушти компанијата, а во замена, да му помогне да отпочне сопствен бизнис. Таа му предложила исто да му плати обука за фризер. Сепак, жалителот ги одбил овие понуди.
10. На 21 февруари 2005 г., триесет и тројца вработени во компанијата (околу половина од вработените) се обратиле со писмо до С.К. во кое тие барале таа да го отпушти жалителот, со цел да се „заштити нивното здравје и право на работа“, во спротивно хармонијата што владеела во компанијата ризикувала да биде загрозена. На 23 февруари 2005 г., два дена пред враќањето на жалителот од својот годишен одмор, С.К. го отпуштила од работа, плаќајќи му го надоместокот предвиден во грчкиот закон, имено месечна плата и еквивалент на платено отсуство, односно 843,41 евра.
11. Кратко време по неговото отпуштање, жалителот нашол друга работа во приватна компанија.
12. На 13 мај 2005 година жалителот се обратил до првостепениот суд од Атина. Тој се жалел дека „неприфатливи општествени предрасуди и застарени табу размислувања“ преовладале наспроти признавањето на неговиот придонес во компанијата каде што работел. Тој исто се повикувал на незаконитоста на неговото отпуштање како и на ништавноста на истото заради неисплаќањето на доволен надоместок. Тој тврдел дека неговото отпуштање било диктирано од „размислувања кои заслужуваат презир“, кои не воделе сметка за „човечкиот фактор и за неговата личност“, дека неговиот работодавец „останал отворено рамнодушен наспроти фактот дека на овој начин тој му нанел сериозни повреди на еден вреден и совесен вработен, во период кога елементарни чувства на хуманизам укажувале на потребата тој да биде поддржан, а во исто време, на тој начин, тој сурово ја навредувал неговата личност“ и дека работодавецот „се однесувал со неоправдана аверзија и нечовечност кон неговиот сериозен здравствен проблем.“
13. Жалителот додал дека единствената причина што ја натерала С.К. да ја донесе оваа одлука биле предрасудите (научно неосновани) против ХИВ позитивните лица и наводниот „ризик“ што тие го претставувале во нивните професионални и социјални односи. Затоа било очигледно дека, со своето однесување, С.К. нанела брутална повреда на неговата личност, особено во однос на нејзините најинтимни аспекти кои се однесувале на чувствителни лични податоци. Начинот на кој тој бил разрешен претставувал недозволено деградирање на неговата вредност како човечко суштество, сведувајќи го жалителот на „предмет“ со кој можело да се постапува „според личните предрасуди и опсесии.“
14. Жалителот барал од судот да го прогласи за ништовно раскинување на договорот за работа, да му нареди на работодавачот да продолжи да го вработува и да му ја исплаќа платата, како и да му плати 9 397 евра за неисплатени плати, 1 068,62 евра надоместоци за платен одмор и разни други износи кои тој ги имал пресметано и, конечно, сума од 200 000 евра за нематеријална штета.
15. Со пресуда од 13 јуни 2006 година, судот пресудил дека отпуштањето од работа е незаконско, бидејќи спротивно на членот 281 од Граѓанскиот законик со кој се забранувало извршувањето на право ако тоа јасно ги надминува границите на добрите намери или моралот. Судот утврдил дека раскинувањето на договорот било мотивирано исклучиво од болеста на жалителот и му доделил сума од 6 339,18 евра, што одговарало на неисплатените плати од моментот на неговото разрешување. Судот потенцирал дека односот на работодавачот, дури и ако се земел предвид притисокот вршен од неговите вработени, претставувал злоупотреба на право. Тој појаснил дека работодавачот, за да го осигура правилното функционирање на својот бизнис и да избегне протести и жалби, одлучил да го отпушти жалителот за да се здобие со милоста на мнозинството вработени.
16. Сепак, судот го отфрлил жалбениот навод на жалителот дека неговото отпуштање нанело повреда на неговата личност, бидејќи не било докажано дека отпуштањето произлегувало од деликветни намери или од желба тој да биде наклеветен. Судот, од друга страна, забележал дека С.К. го отпуштила жалителот за да го спаси она за коешто, погрешно, сметала дека е прашање на мирни работни односи во рамките на нејзината компанија. Конечно, Судот сметал дека не било потребно да нареди враќање на работното место на жалителот, бидејќи тој во меѓувреме си нашол нова работа.
17. На 26 февруари и на 15 март 2007 година, С.К. и жалителот обајцата поднеле жалби против пресудата до Апелациониот суд во Атина.
18. Со пресуда од 29 јануари 2008 г., Апелациониот суд ја одбил жалбата на С.К. и ја прифатил жалбата на жалителот во однос на двата навода, односно злоупотреба на право и повреда на неговата личност. Како и првостепениот суд, Апелациониот суд сметал дека С.К. го отпуштил жалителот попуштајќи пред притисоците на вработените за да зачува добра работна атмосфера во рамките на нејзината компанија. Апелациониот суд истакнал дека стравувањата на вработените во компанијата биле научно неосновани, како што тоа им било кажано од страна на трудовиот лекар. Така, поради начинот на пренос на вирусот, немало никаква опасност за нивното здравје. Така, овие стравови, всушност, биле засновани на предрасуди, а не на докажан ризик и, според тоа, болеста на жалителот не можела да влијае на идното функционирање на компанијата.
19. Апелациониот суд ја извагал, од една страна, потребата да се заштити доброто функционирање на претпријатието во ситуација во која тоа било загрозено од научно неосновани реакции и, од друга страна, оправданата надеж на жалителот да биде заштитен во еден за него тежок период. Тој истакнал дека, ако болеста на еден вработен немала негативно влијание врз работниот однос или правилното функционирање на компанијата (како на пример, во случај на отсуство на лицето или намалување на неговата способност за работа итн.), таа не можела да послужи како објективно оправдување за раскинување на договорот. А жалителот не отсутвувал од работа и никакво отсуство поради болест не било предвидливо во блиска иднина. Од друга страна, поради природата на неговата работа, која не доведувала до преоптовареност, жалителот не ризикувал неговата работна способност да се намали, бидејќи во текот на многу години додека заболеното лице останува само носител на ХИВ неговите способности не се значително намалени.
20. Тој констатирал дека болеста на жалителот не можела да има штетен ефект врз идното функционирање на компанијата, истакнувајќи дека ниту еден вработен не ја напуштил компанијата меѓу мигот кога болеста на жалителот била откриена и раскинувањето на договорот за работа. Тој заклучил дека фактот што С.К. „попуштила пред барањата на вработените, што го отпуштила жалителот и што го раскинала неговиот договор не може да се оправда со добра намера или со некаков интерес на работодавачот во позитивна смисла.“
21. Апелациониот суд му ја доделил на жалителот сумата од 6 339,18 евра за неисплатените плати од денот на неговото разрешување. Тој, исто така, посочил дека имало повреда на личноста на жалителот, бидејќи неговото незаконско отпуштање претставувало повреда на неговиот професионален, како и општествен статус, кои ги сочинувале двете лица на секоја личност. Во однос на ова, тој му доделил дополнителни 1 200 евра за нематеријална штета.
22. На 4 јули 2008 година, С.К. поднела жалба пред Касациониот суд против пресудата на Апелациониот суд.
23. На 16 октомври 2008 година, жалителот исто така поднел жалба од своја страна против пресудата на Апелациониот суд. Тој се повикал на членот 180 (ништавност на правен акт), 281 (злоупотреба на право) и 932 (обештетување на морална штета) од Граѓанскиот законик и на членот 22 (право на работа) од Уставот, како и на принципот на пропорционалност во однос на висината на доделениот надоместок. Повикувајќи се на судската пракса на Касациониот суд, тој тврдел дека кога отпуштањето од рабоа било поништено со судска одлука како незаконско, работодавачот тогаш имал обврска да го врати вработениот на работа. Поточно, во својот втор основ на жалба, жалителот истакнал дека пресудата на Апелациониот суд погрешно го отфрлила неговото барање да биде повторно вработен во компанијата, нагласувајќи дека враќањето на работа било правило во случај на повреда на членот 281 или во случај на незаконска повреда на личноста или на правото на личен развој и на учество во професионалниот живот.
24. Со пресудата бр. 676/2009 од 17 март 2009 година (конечна верзија на 4 јуни 2009 година), Касациониот суд ја поништил пресудата на Апелациониот суд, со образложение дека погрешно го толкувала и применила членот 281 од Граѓанскиот законик во однос на фактите на случајот. Тој сметал дека раскинувањето на договорот за вработување не било незаконско ако тоа било оправдано од интересите на работодавачот „во позитивна смисла“, како враќањето на хармонична соработка помеѓу вработените и на доброто работење на компанијата кога тие биле нарушени заради задржувањето на работа на отпуштеното лице. Касациониот суд се изразил на следниот начин:
"Со оглед на тоа дека отпуштањето (...) не било предизвикано од злонамерност, желба за освета или каква и да е агресија од [работодавачот] кон [вработениот], отпуштањето било целосно оправдано со интересите на работодавачот, во позитивната смисла на зборот [интерес], со оглед на тоа дека оваа одлука била донесена со цел да се врати мирот во претпријатието и неговото добро функционирање. Навистина, вработените биле сериозно вознемирени заради крајно сериозната и заразната болест на [жалителот], која за нив била извор на несигурност и страв за нивното здравје, и тоа ги беше натерало да бараат колективно и на писмено негово отпуштање од работа укажувајќи дека, во спротивно, ќе се јави голем проблем за правилното функционирање на компанијата (...). “
25. Конечно, Касациониот суд ја одбил жалбата на жалителот како неоснована и го вратил предметот на Апелациониот суд.
26. Со оглед на тоа дека иницијативата на постапката им припаѓала на страните, ниту жалителот ниту неговиот работодавач не побарале од Апелациониот суд да се произнесе за препратениот предмет.
II. РЕЛЕВАНТНОТО НАЦИОНАЛНО ПРАВО И СУДСКАTA ПРАКСА
A. Националното право
27. Соодветните членови на грчкиот устав гласат вака:
Член 9
„1. (...) Приватниот и семејниот живот на поединецот се неповредливи. (...)“
Член 22
„1. Работата претставува право и се наоѓа под заштита на државата, која е одговорна за создавање на услови за целосно вработување за сите граѓани, како и за моралниот и материјалниот напредок на работоспособното население, рурално и урбано. "
Член 25
„1. Правата на човекот, последниов сфатен како поединец и како член на општеството, како и принципот на владеење на социјалното право, се гарантирани од страна на државата.
Сите државни органи се должни да обезбедат негово слободно и ефикасно остварување. Овие принципи се однесуваат и во односите меѓу поединците во случаите каде што тие се применуваат. Ограничувањата од било кој вид кои можат да бидат наметнати на овие права според Уставот мора да бидат предвидени или директно со Уставот или со закон, (...) во согласност со принципот на пропорционалност.“
28. Членот 1 од Законот бр. 2112/1920 за отпуштање од работа и престанок на договорите за работа на вработените во приватниот сектор, предвидува:
„Отпуштањето на вработен во приватниот сектор, вработен со договор на непределено време, и кој бил вработен повеќе од два месеци, не може да се направи без писмено известување за раскинувањето кое претходи на договорот за вработување (...). "
29. Релевантните членови од Законот бр. 3304/2005 за еднаков третман (раса, националност, религија, возраст, сексуална ориентација), гласат вака:
Член 1 (цел)
„Целта на овој закон е донесување на општа регулаторна рамка за борба против дискриминацијата во областа на вработувањето врз основа на религијата или друго убедување, на инвалидитетот, возраста или сексуалната ориентација (...) и за да се гарантира примената на принципот на еднаков третман. "
Член 2 (принципот на еднаков третман)
1. Дискриминацијата, директна или индиректна, врз која и да е од основите наведени во член 1, е забранета.
2. Исто така се смета за дискриминација малтретирањето (...), кое ја има за цел или последица да повредата на достоинството на личноста и создавањето на застрашувачка, непријателска, деградирачка, понижувачка или навредлива средина.“
Член 10 (разумни прилагодувања во однос на лицата со посебни потреби)
„За да се почитува принципот на еднаков третман на лицата со хендикеп, работодавачот мора да ги преземе сите неопходни мерки кои ги бараат околностите, така да овие луѓе можат да имаат пристап до работно место, да имаат професионална активност и да се развиваат, како и да учествуваат во стручната обука, под услов таквите мерки да не вклучуваат неразумен товар за работодавачот. (...)“
Член 12 (позитивна акција и посебни мерки)
1. Не претставува дискриминација, усвојувањето или задржувањето на посебни мерки кои имаат за цел спречување или надоместување на обесправеноста врз основа на вера или друго уверување, или врз основа на инвалидност, возраст или сексуална ориентација.
2. Не претставува дискриминација, во однос на лицата со хендикеп, усвојувањето или одржувањето на одредби кои се однесуваат на заштита на здравјето и безбедноста на работното место, или мерки кои се стремат кон креирање и одржување на условите за зачувување и унапредување на интеграцијата на овие лица во активноста и работата. “
Б. Националната комисија за човекови права
30. На 27 јануари 2011 г., Националната комисија за човекови права издаде извештај за „прашањата на заштита на правата на лицата носители на ХИВ.“ Во воведот, извештајот наведува:
„Причината поради која Националната комисија за човекови права се фокусира на прашањата за заштита на правата на лицата носители на ХИВ е констатираниот дефицит на нивното уживање на основните права, кој е дополнително влошен со стигматизацијата, изблиците на нетолеранција, нарушувањето на приватниот живот и други социјални дискриминации против нив.
Со пресудата 676/2009 на Касациониот суд беше даден поттик, преку кој врховниот суд всушност ги одобри законитоста и условите под кои се случило отпуштањето на еден вработен носител на вирусот. Со оглед на важноста на оваа одлука - која е прв правосуден преседан во судската историја на земјата - и со оглед на фактот дека таа нагласила еден единствен, но важен аспект на проблемите со кои се соочуваат носителите на вирусот, Комисијата организирала консултации со повеќе организации и институции со цел да ги заштити правата на овие лица. Во текот на дискусијата биле разгледани повеќе прашања, но оние кои биле сметани за најважни се: а) стигматизацијата предизвикани од ХИВ / СИДА, б) дискриминаторскиот третман на носителите на вирусот, особено во однос на трудот в) пристапот на овие лица до здравствените услуги и г) заштитата на нивниот приватен живот.“
31. Во своите крајни забелешки, Комисијата истакнала:
„Потребата да се заштитат правата на ХИВ позитивните лица и да се институционализираат и применуваат основните принципи врз кои се засноваат овие права, е актуелна и задолжителна, со оглед на фактот дека, според последните официјални податоци, се чини дека болеста достигнала алармантни нивоа во нашата земја.
Ризиците не произлегуваат единствено од самата болест и од нејзиното ширење, туку исто така, од формирањето и зацврстувањето на опасни и научно неосновани концепции преку судската пракса на судовите, која признава дека ХИВ позитивните вработени претставуваат „опасност“ во нивната работна средина.
Конечно, мора да нагласиме дека правата на ХИВ позитивните лица не ги засегаат само нив, туку, исто така, поширокото јавно здравје воопшто, во смисла на тоа дека ако овие лица не се заштитени, тие ќе се двоумат дали да го направат тестот за откривање на болеста (...) а тоа ќе ги подрие напорите на организациите на јавното здравство кои се трудат да го ограничат ширењето на болеста.“
III. РЕЛЕВАНТНИ ЕВРОПСКИ И МЕЃУНАРОДНИ ТЕКСТОВИ
А. Препораката (бр. 200) на МОТ која се однесува на ХИВ и СИДА и светот на трудот, 2010 г.
32. Оваа препорака е првиот инструмент на човековите права за ХИВ и СИДА во светот на трудот. Таа беше донесена, со широко мнозинство, од страна на претставниците на владите, работодавачите и работниците на земјите членки на МОТ во рамките на Меѓународната конференција на трудот во јуни 2010 година. Меѓу другото таа го наведува следното:
„ 3. (...)
в) никаква дискриминација или стигматизација не треба да се вршат против работниците, вклучувајќи ги лицата кои се во потрага по вработување и баратели на работа, поради нивниот вистински или претпоставен ХИВ статус, или поради нивната припадност на региони од светот или популациони групи кои се сметаат за поизложени или поранливи во однос на ризикот од ХИВ инфекција;
(...)
9. Владите, во консултација со организациите на работодавачите и организациите на најрепрезентативните работници, би требало да предвидат еднаква заштита на онаа предвидена со Конвенцијата која се однесува на дискриминацијата (вработување и занимање), 1958 г., за да се спречи секаква дискриминација врз основа на вистински или претпоставен ХИВ статус.
10. Вистинскиот или претпоставениот ХИВ статус не би требале да бидат основа за дискриминација која би го спречила вработувањето или задржувањето на работа, ниту пак барањето на еднакви можности, согласно Конвенцијата во врска со дискриминацијата (вработување и занимање), 1958 година.
11. Вистинскиот или претпоставениот ХИВ статус не би требал да биде основа за отпуштање од работа.
Привременото отсуство од работа поради грижата за трето лице или заради болест поврзанa со ХИВ или СИДА треба да се третираат како отсуства заради други здравствени причини, со оглед на Конвенцијата за отпуштањето од работа, 1982 година.
12. Кога постојните мерки во случаи на дискриминација на работното место не се доволни за да се обезбеди ефективна заштита од дискриминацијата врз основа на ХИВ и СИДА, Членовите би требало нив да ги прилагодат или да развијат нови и да обезбедат нивно ефективно и транспарентно спроведување. “
Б. Текстовите на Парламентарното собрание на Советот на Европа
33. Парламентарното собрание на Советот на Европа („ПССЕ“) го покрена прашањето на ХИВ / СИДА во одреден број на документи. Во својата Препорака 1116 (1989) за СИДА-та и човековите права, тоа се произнесе на следниот начин:
„3. Утврдувајќи дека иако Советот на Европа се грижел уште во 1983 година за превенцијата, етичките аспекти биле само начнати;
4. Сметајќи меѓутоа дека е од суштинско значење да се осигура дека човековите права и основните слободи не се загрозени во името на стравот што го предизвикува СИДА-та;
5. Особено загрижени за дискриминацијата на некои болни па дури и ХИВ-позитивните лица;
(...)
8. Препорака на Комитетот на министри:
А. да се задложи Управниот комитет за човекови права да даде приоритет на зајакнување на клаузулата за недискриминација на членот 14 од Европската конвенција за човекови права, било со додавање на здравјето кај забранетите основи за дискриминација, било со изготвување на општа клаузула за еднаков третман пред законот (...) "
34. Во својата Резолуција 1536 (2007), ПССЕ ја потврди својата посветеност во борбата против сите форми на дискриминација на лицата кои живеат со ХИВ / СИДА:
„Истакнувајќи дека ХИВ / СИДА претставува итен проблем, истовремено од медицинска, социјална и економска гледна точка, Собранието ги повикува парламентите и владите на земјите членки на Советот на Европа:
9.1. да се осигураат дека нивните закони, политики и практики ги почитуваат човековите права во контекст на ХИВ / СИДА, особено правата на образование, работа, почитување на приватниот живот, заштита и пристап до превенција, третман, грижа и поддршка;
9.2. да ги заштитат лицата кои живеат со ХИВ / СИДА од сите форми на дискриминација како во јавниот сектор, така и во приватниот сектор (...) ".
В. Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права
35. Членот 2 став 2 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права предвидува дека правата што се наведени во овој инструмент „ќе бидат остварувани без каква и да е дискриминација врз основа на расата, бојата, полот, јазикот, религијата, политичкото или кое и да е друго мислење, националното или социјалното потекло, богатството, раѓањето или којa и да е другa ситуација.“ Во својот Oпшт коментар за недискриминација (бр.20, 2009), Комитетот за економски, социјални и културни права експлицитно наведе дека терминот „која и да е друга ситуација“ на крајот од членот 2 став 2 од Пактот ја вклучува и здравствената состојба, особено ХИВ позитивноста :
„33. Здравствената состојба се однесува на физичкото или менталното здравје на едно лице. Државите членки би требало да осигураат вистинската или претпоставената здравствена состојба на некое лице да не се пречка за остварување на правата загарантирани во Пактот. Заштитата на јавното здравје често се наведува од страна на државите за да ги оправдаат ограничувањата на човековите права заради здравствената состојба на некое лице. Меѓутоа, многу од овие ограничувања се дискриминаторски, на пример, кога ХИВ позитивноста се користи за да се оправда различен третман во однос на пристапот до образованието, вработувањето, здравствената нега, патувањата, социјалното осигурување, домувањетое и азилот (...).“
Г. Пресудата на Уставниот суд од Јужна Африка во случајот Hoffman v. South African Airways
36. Во случајот Hoffman v. South African Airways (CCT 17/00) од 4 октомври 2000 година, од Уставниот суд било побарано да се произнесе за пресудата на Високиот суд (High Court) од Витвејтерсренд (Witwatersrand) во врска со дискриминацијата на работното место на г-дин Хофман (Hoffman) како член на комерцијалниот екипаж (steward) на јужно-африканската авиокомпанија, врз основа на тоа дека тој бил ХИВ позитивен. Последнава се повикала на три аргументи: опасните реакции на ХИВ позитивните лица на вакцината против жолтата треска, ризикот од контаминација на патниците и другите членови на авиокомпанијата, ниската рентабилност на инвестирањето во таквите агенти со оглед на тоа што се осудени на пократок животен век од останатите.
37. Едногласно, Уставниот суд, пресудил дека уставните права на г-дин Хофман биле повредени со таквата дискриминација.
38. Најпрво, тој оценил дека треба да се направи разлика меѓу ХИВ позитивните лица и лицата со имунодефициенција. Тоа не било случај со г-дин Хофман кој бил само ХИВ позитивен во времето кога бил отпуштен и кога Судот ја донел својата пресуда. Уставниот суд додал дека практиката на други странски авиокомпании немала влијание врз разгледувањето на уставноста на пресудата. Второ, тој потврдил дека комерцијалните интереси на една компанија се легитимни , но оценил дека тие не требало да се користат за да се оправда маскирана позиција со која всушност се игнорирале елементарните фундаментални права како што се човековото достоинство, сочувството и толеранцијата во однос на другиот. Со оглед на овие императиви, лицата заразени од ХИВ се наоѓале во ситуација на особена ранливост која барала комплетна заштита од страна на правниот систем. Поради овие причини, Судот заклучил дека со оглед на повредата на правата на г-дин Хофман, авиокомпанијата имала обврска веднаш да му понуди работно место и да ги покрие трошоците на постапката.
IV. ЕЛЕМЕНТИ НА КОМПАРАТИВНО ПРАВО
39. Компаративната студија на законодавството на триесет земји членки на Советот на Европа, во однос на заштитата од дискриминација на работното место за лицата со ХИВ, покажува дека седум земји, имено Албанија, Азербејџан, Италија, Молдавија, Романија, Обединетото Кралство и Русија имаат усвоено посебно законодавство во овој поглед. Меѓутоа, во дваесет и трите други држави кои не предвиделе такви текстови, лицата со ХИВ кои се соочуваат со нееднаков третман на работното место можат да се повикаат на општите одредби од националното законодавство во врска со недискриминацијата. Од одлуките на домашните судови и на другите органи вклучени во заштитата на човековите права во некои од овие држави произлегува дека тие обезбедуваат заштита од отпуштањето на лицата кои живеат со ХИВ преку забраната која важи за други основи на дискриминација, како што се здравството или хендикепот.
40. Така, на пример, во Франција, на 6 септември 2012 година, Комисијата за еднаков третман (од октомври 2012 година, Советот за човекови права) сметала дека законот за еднаков третман во однос на хендикеп или хронична болест не го обврзувал вработениот (во случајов ХИВ позитивниот вработен во кафуле кој бил отпуштен од работа) да ја обелодени својата болест, освен ако тоа било неопходно за извршување на работата. Комисијата, исто така, сметала дека претпоставените предрасуди на клиентите против ХИВ-позитивно лице не можеле да го оправдаат раскинувањето на договорот за работа.
41. На 13 декември 1995 година, кривичниот суд од Понтоаз, (Pontoise) во Франција, го осудил работодавачот на пет месеци затвор условно и 3 000 евра отштета заради тоа што отпуштил, наводно од економски причини, еден од своите вработени, ветеринарен асистент, кој бил ХИВ позитивен.
42. Дури и пред донесувањето на белгискиот закон од 10 мај 2007 за борба против одредени форми на дискриминација, Трудовиот суд од Дендермонде (Dendermonde) пресудил, на 5 јануари, 1998 година, дека работодавачот го злоупотребил своето право на раскинување работен однос кога отпуштил вработен поради неговата ХИВ позитивност.
43. Швајцарскиот Сојузен суд (пресуда ATF 127 III 86) изјавил дека раскинувањето на работен однос само врз основа на ХИВ инфекција било дискриминаторско и навредливо според членот 336 од Законикот за облигациони односи.
44. На 18 октомври 2004 година, Регионалниот суд од Полтава (Poltava), Украина, го осудил главниот уредник на весникот да плати отштета на еден новинар што го отпуштил бидејќи бил носител на ХИВ.
45. Во Хрватска, по интервенцијата на Народниот правобранител, Правилникот за полицијата, кој предвидувал дека ХИВ позитивно лице не може да стане полицаец или не може да продолжи тоа да биде, бил изменет.
46. На 23 ноември 2009 година, полскиот Уставен суд ја прогласил за неуставна одредбата од Правилникот на Министерството за внатрешни работи според која ХИВ позитивен полициски офицер требало автоматски да биде прогласен за неспособен за служба.
47. На 26 април 2011 година, рускиот Врховен суд поништил една одредба од Правилникот за цивилно воздухопловство која забранувала лицата со ХИВ да работат како пилоти на сите видови авиони.
ПРАВО
I. ЗА НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОВИТЕ 8 И 14 ЗАЕДНО ОД КОНВЕНЦИЈАТА
48. Жалителот се жали на повреда на неговото право на приватен живот, наведувајќи дека Касациониот суд го прогласил за законско неговото отпуштање од работа заради тоа што тој бил ХИВ позитивен. Тој исто така тврди дека неговото отпуштање било дискриминаторско и дека причината наведена од страна на Врховниот суд според која отпуштањето од работа било оправдано со потребата да се зачува работна атмосфера во компанијата не можела да биде основа за различен третман во согласност со член 14. Тој се повикал на членовите 8 и 14 заедно од Конвенцијата, кои гласат:
Член 8
„Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2. Нема да постои никаво мешање од страна на јавната власт при остварувањето на ова право, освен во согласност со законот и доколку е тоа неопходно во едно демократско општество за заштита на националната безбедност, јавната сигурност или економската благосостојба во земјата, за спречување на немири или извршување на кривично дело, за заштита на здравјето и моралот, или за заштита на правата и слободите на другите. "
Член 14
„Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, ќе се обезбеди на сите без дискриминација, без оглед на пол, раса,боја на кожа, јазик, религија, политичко или друго уверување, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, сопственост, род или друг статус.“
A. Аргументи на страните
1. Владата
49. Владата признава дека секое отпуштање на вработен влијае, несомнено, на приватниот живот. Сепак, тоа не е доволно за да се примени членот 8. Според судската пракса на Судот, опуштањето од работа би било проблематично согласно членот 8 само кога тоа би вклучувало пошироки последици за вработениот, вклучувајќи ја и неможноста повторно да најде работа, а не само кога истиот едноставно го губи своето работно место. Отпуштањето на жалителот немало како последица негово исклучување од пазарот на трудот (како што било случај во случајот Sidabras et Džiautas c. Lituanie, бр. 55480/00 и 59330/00, CEDH 2004-VIII), нити пак да ги исклучи генерално ХИВ позитивните лица од правото на вработување. Жалителот нашол повторно работа кусо време по неговото отпуштање. Членот 8 ги штити односите што две страни сакаат да ги склучат, додека во случајот на жалителот, неговите колеги не сакаале да работат со него. Конечно, работодавачот на жалителот не ги злоупотребил информациите за здравствената состојба на истиот.
50. Според Владата, жалителот не бил ниту жртва на дискриминација. Неговиот работодавец го отпуштил заради заштита на интересите на компанијата и мирот во неа, а не поради некакви предрасуди против статусот на лице носител на ХИВ. Фактот дека Касациониот суд признал дека отпуштањето од работа било одлучено по оваа основа не значи дека тој покажал предрасуди или пристрасност против жалителот: образложението на пресудата не се фокусирало на фактот дека жалителот бил ностител на вирусот. Покрај тоа, работодавецот на жалителот не бил привилегиран од Врховниот суд, заради тоа што не бил носител на вирусот.
51. Владата тврди дека здравствената состојба на жалителот и неговото задржување во компанијата не биле предмет на „преговори“ меѓу работодавачот и колегите на жалителот. Работодавачот се обидел да најде решение кое, без да го загрози опстанокот на неговото претпријатие, би го земало предвид интересот на жалителот. Тој ја разгледал можноста да се преземат понедрастични мерки од отказот и се обидел нему да му помогне нудејќи му обука за фризер или помагајќи му да основа своја сопствена фирма. Кога сите овие обиди не успеале, тој го ставил својот личен интерес, имено продолжување на доброто функционирање на компанијата, над инетересот на жалителот и одлучил да му даде отказ. Работодавачот не можел да ја игнорира загриженоста на своите вработени. Обезбедувањето на хармонична атмосфера во компанијата не е само право туку и обврска на работодавачот во однос на своите вработени. Фактот дека работодавецот го ставил личниот интерес над оној на еден од своите вработени и не реагирал како што е „пожелно“ - односно, со игнорирање на загриженоста на своите вработени - и фактот дека Касациониот суд не му наметнал на овој работодавач да го направи она што било „пожелно“, не претставува повреда на Конвенцијата.
52. Владата нагласува дека пресудите Obst c. Allemagne (бр. 425/03, 23 септември 2010) и Schlüth c. Allemagne (бр. 1620/03, CEDH 2010), наведени од жалителот, ја потврдуваат повеќе тезата за непостоење повреда. Особено во втората пресуда, Судот му дал посебно значење на фактот дека отпуштањето од работа на жалителот ризикувал да го стави него во целосна неможност за наоѓање на работа, што не е така во овој случај. Со оглед на таоа дека жалителот бил вработен во друга компанија кратко време по неговото отпуштање од работа, тој не се соочил со последицата на негово стигматизирање или исклучување од професионалиот и општествениот живот.
53. Владата смета дека е неопходно да се направи разлика меѓу овој случај и случајот Kiyutin c. Russie (бр 2700/10, CEDH 2011) во кој наметнатите рестрикции врз правата на жалителот биле последица на државен акт. Спротивно на тоа, во конкретниов случај, наводно дискриминаторско постапување било дело на поединец и Касациониот суд требал да разгледа спор меѓу поединци. Покрај тоа, европскиот консензус утврден од страна на Судот во пресудата Кјутин (Kiyutin) се однесувал на престојувањето на ХИВ позитивни лица на територијата на земјите-членки на Советот на Европа, а не на степенот на одговорност на поединците и на асимилирањето на нивната одговорност со онаа на државата.
54. Владата истакнува дека Касационот суд не оценил дека стравувањата на колегите на жалителот заслужувале заштита. Неговата пресуда не била ниту произволна ниту пак неразумна, дури и ако се смета дека просторот за слободна проценка на државата бил ограничен, поради фактот дека тој бил ХИВ позитивен. Во овој случај, грчкиот правен поредок не можел да бара повеќе од работодавецот со оглед на фактот дека тој бил само приватно лице, и дека се обидел да го избегне отпуштањето од работа и да му помогне на жалителот и дека атмосферата во компанијата била особено непријателска кон последниов.
55. Владата заклучува дека жалителот не бил третиран неповолно, поради неговата здравствена состојба, ниту од страна на Касациониот суд ниту пак од неговиот работодавец. Тој не ја споредил здравствената состојба на жалителот со онаа на другите вработени; тој ја донел одлуката нему да му даде отказ, не затоа што бил ХИВ позитивен, туку за да го врати мирот во компанијата.
56. Владата тврди дека ниту само членот 8 земен изолирано, ниту истиот член заедно со членот 14, ниту, пак, Протоколот бр. 12, не им бараат на државите да донесуваат закони во корист на ХИВ позитивните вработени со цел да се забрани нивно отпуштање од работното место што го имаат во приватниот сектор. Предвидувањето на таква обврска би довело до проширување на одговорноста на државата во врска со односите меѓу поединци, додека според судската пракса на Судот, во оваа област, државите имаат широк простор за слободна проценка (Evans c. Royaume-Uni [GC], бр. 6339/05, § 77, CEDH 2007‑I).
57. Се разбира, државите не се спречени да донесуваат закони во оваа насока, но ова не треба да се смета за обврска која би произлегувала од членовите 8 и 14 од Конвенцијата. Грчката држава во принцип ги исполнила своите позитивни обврски во врска со законот за работни односи и особено со одредени области каде можат да се јават прашања кои се однесуваат на приватниот живот на засегнатите лица. Таа обезбедува ефикасна заштита на ХИВ позитивните вработени лица преку добро утврдените одредби на трудовото право, граѓанското право, парничната постака или преку одредби со кои се регулираат посебни категории на вработени (закон бр. 2643/1998 насловен „заштита при вработување на лицата со посебни потреби“ и Законот бр. 3304/2005 кој ја содржи директивата 2000/78/EC на Советот од 27 ноември 2000 г. за воспоставување општа рамка за еднаков третман во однос на вработувањето и трудот).
58. Владата истакнува дека, повикувајќи се на релевантните одредби на граѓанското право и трудовото право, жалителот се обратил до граѓанските судови, кои го разгледале неговиот случај според посебната постапка која се однесувала на работните спорови. Фактот дека првостепените судови пресудиле во негова корист покажува дека горенаведените одредби обезбедуваат соодветна рамка за заштитата на ХИВ-позитивните вработени. Ефикасноста на оваа правна рамка не може да се стави под прашалник само поради фактот дека Касациониот суд, во овој случај, конечно пресудил во корист на работодавачотот на жалителот.
2. Жалителот
59. Повикувајќи се на пресудите Sidabras et Džiautas, претходно наведена, Obst et Schlüth, претходно наведена, Palomo Sánchez et autres c. Espagne ([GC], бр. 28955/06, 28957/06, 28959/06 и 28964/06, CEDH 2011) и Siliadin c. France (бр.73.316 / 01, ECHR 2005-VII), жалителот тврди дека фактот што неговиот жалбен навод се однесува на околностите на неговото отпуштање не ја исклучува применливоста во случајов на членот 8 од Конвенцијата, како и на теоријата на позитивните обврски. Фактите, така, покажуваат дека односот на неговите колеги и на неговиот работодавец имале влијание врз неговиот приватен живот, што не може да се опише како незначително. Тој бил предмет на експресно, директно и ефективно стигматизирање од страна на колегите и бил исклучен како лице кое повеќе не треба да има право да работи. Покрај тоа, работодавачот можел и требал да постапи поинаку со него, особено да инсистира на фактот дека ХИВ позитивноста не е причина за отпуштање од работа, наместо да ја претвори ХИВ позитивноста во предмет на преговори со другите вработени . Жалителот нагласува дека тој ја искажал својата желба да ја задржи својата работа и покрај непријателските реакции и социјалната стигма чијашто бил жртва. Вработувањето е важен фактор за себе-почитувањето на секој човек, а тоа е од суштинско значење за способноста да се воспоставуваат социјални врски и лични односи.
60. Жалителот исто така се повикува на неколку меѓународни инструменти како што се Препораката бр. 200 на МОТ и Резолуцијата 1536 (2007) на ПССЕ, кои го дефинираат стигматизирањето во светот на трудот и повикуваат на заштита на лицата носители на вирусот против сите форми на дискриминација.
61. Жалителот тврди дека Касациониот суд имал „обврска“, во околностите на случајот, да констатира дека отказот бил незаконски бидејќи бил дискриминаторски. Тој бил третиран понеповолно од неговите колеги поради неговата здравствена состојба: да не се заразел со вирусот, неговите колеги не би одбиле да работат со него и неговиот работодавец не би му дал отказ. Доколку во Грција беше добро утврдено дека е незаконски да се отпушти ХИВ позитивен вработен, вработените со предрасуди ќе беа свесни дека не би можеле да постигнат истиот да биде отпуштен, немаше да го нарушат функционирањето на претпријатието и не ќе се замешаа во неговиот професионален и приватен живот. Во овој случај, не е возможно да се одделат причините на вработените од оние на работодавачот и да се тврди дека отпуштањето не било дискриминаторско под оправдание на тоа дека вторите, земени одделно, се валидна причина за отпуштање од работа.
62. Жалителот тврди дека доколку не се признае како незаконско отпуштањето од работа на член на ранлива група зашто неговите колеги одбиваат да работат со него заради предрасуди, тоа ќе доведе до дискриминација и до исклучување на големо: лицата кои имаат предрасуди во однос на други лица од одредена раса, етничка припадност или сексуална ориентација едноставно ќе можат да одбијат да работат со нив и нивните работодавци ќе ги отпуштат. Доколку судовите не интервенираат, предрасудите на трети лица ќе имаат како последица исклучување на членовите на ранлива група од повеќето работни места во приватниот сектор и воспоставување на сегрегација помеѓу претпријатија кои вработуваат луѓе кои припаѓаат на оваа група и другите.
63. Жалителот тврди дека во овој случај Касациониот суд не ги извагал потребата да се заштитат од дискриминација ХИВ позитивните вработени и потребата за работодавците да ги заштитат своите интереси. Згора на тоа, пресудата на Касациониот суд е особено кратка и не го испитала навистина прашањето на пропорционалноста на мешањето.
64. Жалителот наведува дека постојат, во овој случај, повеќе фактори кои би го оправдало размислувањето - како што тоа го сторил Судот, освен тоа, во пресудата Kiyutin (претходно наведена, § 63) - дека државата располага со ограничен простор за слободна проценка. Во овој случај, тие фактори се: непобитните предрасуди на неговите колеги против ХИВ позитивните лица; фактот дека последниве припаѓаат на особено ранлива група, се жртви на систематска дискриминација и страдаат од стигматизирање, социјално исклучување и маргинализирање; фактот дека статусот на ХИВ позитивно лице не е реверзибилен и често се зема како показател на сексуалната ориентација на засегнатите лица. Кога станува збор за отпуштање на ХИВ позитивен вработен, стигматизирањето што од ова произлегува следува е деструктивно. Лицето треба не само да се справи со својата болест, туку и исто и со деструктивниот ефект на неговото отпуштање од работа заради болеста. Оваа стигма може да предизвика лицето да не може да најде нова работа.
65. Жалителот, исто така, наведува, во поддршка на својата теза, неколку пресуди на врховните судови на многу земји кои пресудиле во корист на ХИВ позитивните лица на работното место, особено пресудата Hoffman c. South African Airways на Уставниот суд на Јужна Африка (видете ставови 36-38 погоре) во која е наведено дека предрасудите против оваа група на луѓе не претставуваат легитимен професионален интерес.
66. Повикувајќи се на пресудата Bah c. Royaume-Uni (бр. 56.328 / 07, ECHR 2011), жалителот тврди дека државите мора да дадат многу солидни причини за да ја оправдаат разликата во третманот врз основа на медицински состојби, како што е серпозитивноста. Како што Судот тоа го навел во тој случај, разлика во третманот врз основа на инхерентна и непроменлива лична карактеристика мора да биде подетално мотивирана одошто разликата во третманот врз основа на карактеристика која е последица на избор. Меѓутоа, ХИВ позитивноста е состојба која, еднаш стекната, нема веројатност да исчезне.
Б. Оценка на Судот
1. За применливоста на членот 8 заедно со членот 14
67. На прашањето за тоа дали фактите на случајот спаѓаат во рамките на опсегот на членот 8, Судот потсетува дека поимот „приватен живот“ е широк термин, кој не подложи на исцрпна дефиниција. Овој концепт го опфаќа физичкиот и моралниот интегритет на личноста и понекогаш вклучува аспекти на физичкиот и општествениот идентитет на поединецот, вклучувајќи го и правото да се воспостават и развијат односи со други лица, правото на „личен развој“ или правото на самоопределување како такво (Schuth, претходно наведена, § 53).
68. Како и во предметот Schlüth, жалителот не се жали во овој случај на директна интервенција на националните власти која довела до негово отпуштање, туку на нивниот неуспех да го заштитат неговиот приватен живот против мешањето на работодавачот, што би можело да ја вклучи одговорноста на државата (видете, mutatis mutandis, Palomo Sanchez et autres, претходно наведена, § 60).
69. Судот веќе имал прилика да се прознесе, во смисла на членот 8, за случаи на отпуштање на лица поради нивните приватни активности (Obst и Schlüth, претходно наведени). Исто така, на едно друго ниво, Судот одлучил дека членот 8 се применува на ситуација во која властите одбиле да дадат дозвола за престој заради ХИВ позитивноста на засегнатото лице (Kiyutin, претходно наведена) или во која им било забрането на засегнатите лица да работат во приватниот сектор заради нивното претходно занимање (Sidabras et Džiautas, претходно наведена).
70. Оттука, нема сомение дека прашањата кои се однесуваат на областа на трудот, како и ситуации кои вклучуваат луѓе носители на ХИВ, влегуваат во рамките на применливоста на приватниот живот. Не би можело да биде поинаку, со оглед на тоа што епидемијата на ХИВ не може да се смета само како медицински проблем затоа што нејзините последици се чувствуваат во сите сфери на приватниот живот.
71. Навраќајќи се на фактите на случајот, Судот забележува дека тој поседува специфичност што го разликува од сите горенаведените случаи: отпуштање на вработено лице носител на ХИВ. Нема сомнение дека доколку наведениот основ за отпуштањето на жалителот бил зачувувањето на добра работна атмосфера во рамките на претпријатието, предизвикувачкиот фактор бил обелоденувањето од страна на вработениот на неговата ХИВ позитивност. Токму овој фактор го предизвикал одбивањето од страна на неговите колеги да работат со него - и покрај уверувањата на трудовиот лекар повикан од страна на работодавачот да ги информира истите за начинот на пренесување на болеста - напорите на работодавачот да го убеди да го напушти претпријатието, и, конечно, отворената закана на вработените да го нарушуваат работењето на претпријатието се додека жалителот е во него.
72. Јасно е дека отпуштањето на жалителот довело до стигматизирање на лице кое, дури и ако е носител на ХИВ, не покажало никакви симптоми на болеста. Оваа мерка можела единствено да има само сериозни последици врз неговата личност, врз почитувањето на истата, и, во крајна линија, врз неговиот приватен живот. На ова може да се додаде неизвесноста на барањето нова работа, со оглед на тоа што шансите за наоѓање нова работа оправдано може да се чинат мали земајќи го предвид претходното искуство. Фактот дека жалителот нашол нова работа по неговото отпуштање не е доволен за да се избришат негативните последици што ги имале спорните факти врз неговата способност да води нормален живот.
73. На крајот, Судот потсетува дека во својата пресуда Kiyutin претходно наведена (§ 57), тој сметал дека здравствената состојба на некое лице, вклучувајќи и здравствен проблем како што е ХИВ-от, мора да се смета како основа за дискриминација која потпаѓа под терминот „друг статус“ кој се се користи во текстот на членот 14 од Конвенцијата, како хендикепираноста или на ист начин како хендикепираноста.
74. Следува дека членовите 8 и 14 од Конвенцијата се применуваат во околностите на случајот.
2. За почитувањето на членот 8 заедно со членот 14
а) На прашањето дали жалителот се наоѓал во слична ситуација со онаа на другите вработени на компанијата
75. Според воспоставената судска пракса на Судот, дискриминацијата претставува различен третман, освен во случај кога постои објективно и разумно оправдување, на лица во слични или споредливи ситуации (D.H. et autres c. République tchèque [GC], бр. 57325/00, § 175, CEDH 2007-IV, и Burden c. Royaume-Uni [GC], бр. 13378/05, § 60, CEDH 2008).
76. Како вработен на компанијата, жалителот со право можел да очекува да продолжи да работи се додека не изврши дејствие што според внатрешниот закон за работни односи би можело да оправда отпуштање. Сепак, тој бил отпуштен кратко време откако неговата ХИВ позитивност била откриена во компанијата.
77. Судот смета дека ситуацијата на жалителот мора да се спореди со онаа на другите вработени во компанијата, бидејќи тоа е важно за да се процени неговиот жалбен навод врз основ на разликата во третманот. Јасно е дека жалителот бил третиран понеповолно во однос на тоа како би бил третиран некој друг колега и тоа, единствено заради неговата ХИВ позитивност. Судот забележува дека работодавачот секако бил загрижен за тоа да го врати мирот во компанијата, но во основа на оваа загриженост била ситуацијата создадена со односот на колегите на жалителот кон неговата ХИВ позитивност.
б) На прашањето дали разликата во третманот во овој случај е објективно и разумно оправдана
78. Штом жалител докажал постоење на разлика во третманот, тужената Влада е онаа која треба да докаже дека таа била оправдана. Таквото оправдување мора да биде објективно и разумно, односно, тоа морало да имало легитимна цел и морало да постои разумен однос на пропорционалност меѓу употребените средства и саканата цел. Покрај тоа, државите договорнички уживаат извесен простор за слободна проценка за да одредат дали и до која мера разликите помеѓу ситуации, кои во други погледи се слични, го оправдуваат различниот третман. Опсегот на овој простор за слободна проценка варира во однос на околностите, областите и контекстот (Kiyutin, претходно наведена, § 62).
79. Во претходно наведената пресуда Kiyutin, Судот тврди дека кога ограничување на основните права се применува на посебно ранливи групи во општеството, кои страдале од значителна дискриминација во минатото, просторот за слободна проценка доделен на државата е значително намален и последнава мора да има многу силни причини за да го наметне ограничувањето во прашање (ibidem, § 63).
80. Лицата носители на ХИВ се принудени да се справат со многу проблеми, не само од медицинска природа, туку, исто така, и од професионална, социјална, лична и психолошка, а особено со предрасуди понекогаш вкоренети дури и кај најобразованите лица.
81. Судот го признава овој факт во својата претходно наведена пресуда Kiyutin. Тој утврдил дека непознавањето на начините на ширење на болеста поттикнало предрасуди кои довеле до стигматизирање и маргинализирање на носителите на вирусот. Тој додал дека, како резултат на ова, лицата кои живеат со ХИВ претставуваат ранлива група и дека државите располагаат со ограничен простор за слободна проценка за да донесат мерки кои на оваа група им резервираат посебен третман врз основа на ХИВ позитивноста на нејзините членови (ibid, § 64).
82. Како дополнување, Судот забележува дека една компаративна студија на законодавството на триесет земји членки на Советот на Европа, во однос на заштитата од дискриминација на работното место за лица со ХИВ, покажува дека седум држави имаат усвоено посебно законодавство во овој поглед. Меѓутоа, во дваесет и трите други држави кои не предвиделе такви текстови, лицата со ХИВ кои се соочуваат со нееднаков третман на работното место можат да се повикаат на општите одредби од националното законодавство во врска со недискриминацијата. Од одлуките на домашните судови и на други органи задолжени во заштитата на човековите права во некои од овие држави произлегува дека тие им обезбедуваат заштита од отпуштање на лицата кои живеат со ХИВ вклучувајќи ги под други забранети основи за дискриминација, како што се здравствената состојба или инвалидитетот (видете став 39 погоре).
83. Отуука се чини дека дури и ако сите земји членки на Советот на Европа не донеле посебни закони во корист на луѓето кои живеат со ХИВ, постои јасен севкупен тренд да се заштитат овие лица од секаква дискриминација на нивното работно место преку поопшти законски одредби кои се применуваат од страна на судовите во случај на отпуштање на ХИВ позитивни лица како во јавниот така и приватниот сектор (видете ставови 40-47 погоре).
84. Од друга страна, Судот забележува дека одредбите кои се однесуваат на недискриминацијата содржани во меѓународните инструменти обезбедуваат заштита на луѓето заболени од ХИВ. Во овој контекст, Комитетот за економски, социјални и културни права на Обединетите нации го признаа статусот носител на ХИВ, како еден од забранетите основи за дискриминација. Покрај тоа, се поголем број на специфични меѓународни инструменти содржат одредби наменети за серпозитивните лица, вклучувајќи ја особено забраната на дискриминацијата во доменот на трудот, како што се Препораката бр. 200 на МОТ која се однесува на ХИВ-от и СИДА-та во светот на трудот.
85. Испитувајќи ги на фактите на случајот, Судот забележува, од една страна, дека работодавачот на жалителот го раскинал неговиот договор за работа поради притисокот што му го вршеле вработените и дека овој притисок бил причинет од ХИВ позитивноста на жалителот и загриженоста што истата ја предизвикала кај нив. Тој истакнува, од друга страна, дека вработените на компанијата биле информирани од страна на трудовиот лекар дека не постои никаков ризик од инфекција во рамките на работниот однос со жалителот.
86. Во однос на правниот лек поднесен од страна на жалителот, надлежните судови ги ставиле на вага, од една страна, потребата да се заштити правилното функционирање на компанијата, а, од друга страна, пак, оправданото очекување од страна на жалителот да биде заштитен за време на за него тежок период. Тие ја натежнале вагата во корист на жалителот. Особено, Апелациониот суд сметал дека заканата од нарушување на работата на претпријатието во овој случај, произлезена од масовните реакции на вработените, се засновала на реакции кои се научно неоправдани. Тој истакнал дека ако болеста на еден вработен немала негативно влијание врз работниот однос или доброто функционирање на претпријатието (на пример, предизвикувајќи отсуство на лицето или намалување на работната способност итн.), таа не можела да послужи како објективно оправдување за раскинување на договорот за работа. Од друга страна, поради природата на неговата работа, која не доведувала до преоптовареност, жалителот не ризикувал неговата работна способност да се намали, бидејќи во текот на многу години додека заболеното лице останува само носител на ХИВ неговите способности не се значително намалени.
87. Во овој случај, Апелациониот суд изречно признал дека ХИВ позитивноста на жалителот немала ефект врз способноста на последниов да ја врши својата работа и не можело да се предвиди дека таа ќе има негативен ефект врз неговиот договор за работа кој би го оправдал неговото експресно раскинување (видете став 19 погоре). Апелациониот суд исто така укажал дека самото постоење на фирмата не било загрозено од притисоците на вработените (видете став 20 погоре). Меѓутоа, претпоставените или изразени предрасуди на вработените не можат да се наведат како изговор за да се раскине договорот на ХИВ позитивен вработен. Во такви случаи, потребата да се заштитат интересите на работодавачот мора внимателно да се извага во однос на потребата да се заштитат оние на вработениот, кој е најслабиот дел на договорот, и тоа уште повеќе кога тој е ХИВ позитивен.
88. Од друга страна, Касациониот суд не ги извагал сите интереси на толку детален и темелен начин како што тоа го сторил Апелациониот суд. Со доста кратко образложение, во однос на важноста и новината на прашањата од случајот, тој тврдел дека отпуштањето било целосно оправдано со интересите на работодавачот, во позитивната смисла на терминот, бидејќи тоа било одлучено за да се врати мирот во претпријатието како и неговото добро функционирање. Ако Касациониот суд не го оспорил исто така фактот дека инфекцијата на жалителот немала штетно влијание врз извршувањето на неговиот договор за работа, тој сепак ја засновал својата одлука, за да ги оправда стравувањата на вработените, на очигледно неточна претпоставка, имено „заразната“ природа на болеста на жалителот. Притоа, Касациониот суд му го дал на правилното функционирање на компанијата значењето што вработените сакале да му го дадат идентификувајќи го со субјективната перцепција на истите.
89. Судот не го дели аргументот на Владата дека одлуката на Касациониот суд во корист на жалителот немало да го реши проблемот, со тоа што работодавачот би требало тогаш да ги сноси трошоците на подолгото нарушување на работењето на неговото претпријатие, додека жалителот би требало сеуште да се соочува со непријателско опкружување. Така, влогот на барањето поднесено пред Касациониот суд за жалителот се ограничувал само на доделувањето на обично обештетување како што тоа било одлучено од страна на Апелациониот суд, со оглед на тоа што првичното барање на жалителот за негово враќање во претпријатието било одбиено како од страна на првостепениот суд така и од страна на Апелациониот суд. Од друга страна, Судот смета дека е невозможно да се шпекулира за тоа каков ќе бил односот на вработените во компанијата доколку Касациониот суд во случајов ја беше потврдил одлуката на надлежните првостепени и второстепени судови, и, уште повеќе, доколку во Грција постоел закон или добро воспоставена судска пракса за заштита на ХИВ позитивните лица на работното место.
90. Во заклучок, Судот смета дека Касациониот суд не образложил доволно зошто интересите на работодавачот на жалителот ги надминувале оние на жалителот и дека тој не ги извагал правата на двете страни на начин во согласност со Конвенцијата.
91. Следува дека жалителот бил жртва на дискриминација врз основа на неговата здравствена состојба, спротивно на членот 14 од Конвенцијата заедно со членот 8. Оттука, имало повреда на овие одредби.
II. ЗА ПРИМЕНАТА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
92. Согласно членот 41 од Конвенцијата,
„ Ако Судот одлучи дека имало непочитување на Конвенцијата и на нејзините Протоколи, и ако националното право на Високата Договорна Страна овозможува само делумно бришење на последиците од ова непочитување, Судот и доделува на оштететената страна, доколу е потребно, правичен надоместок.“
A. Штета
93. Жалителот бара сума од 6 339,18 ЕВР за материјална штета, што соодветствува на сумата која му беше доделена од страна на Апелациониот суд. Тој исто така бара да му се плати камата сметајќи од датумот на пресудата на апелациониот суд. Тој исто така бара 20000 ЕВР за нематеријалната штета предизвикана од неговото стигматизирање и неговото дискриминаторско отпуштање.
94. Владата го повикува Судот да ги отфрли барањата за нематеријална штета бидејќи тие се однесуваат на паричниот аспект на работата, а не на правото на почитување на приватниот живот гарантирано со членот 8. Што се однесува до нематеријалната штета, наводот на жалителот дека бил дискриминиран и стигматизиран е неоснована, бидејќи набргу по неговото отпуштање, тој повторно нашол работа. Ако Судот одлучи дека имало повреда на Конвенцијата, утврдувањето на повредата би било доволно правична сатисфакција .
95. Судот потсетува дека тој утврдил дека имало повреда на членот 14 заедно со членот 8 се должи заради тоа што Врховниот суд не земал предвид правата на двете страни на начин согласен со Конвенцијата. Тој забележува дека Апелациониот суд го фиксирал износот кој требало да му се додели на жалителот за неисплатените плати на 6 339,18 ЕУР, и тој му го доделува истиот за нанесена материјална штета. Тој, исто така, смета дека треба да му се одобри износот од 8000 ЕУР за нематеријална штета.
Б. Трошоци и издатоци
96. За трошоци и надоместоци, жалителот бара 6 000 евра за надоместоците на неговите двајцата адвокати пред Судот (60 часа работа по 100 евра на час).
97. Владата го повикува Судот да го одбие барањето поради тоа што не е придружено со потребните придружни документи.
98. Според утврдената судска пракса на Судот, распределбата на трошоци и издатоци од членот 41 преполага да се утврди дека тие се реални, нужни и, исто така, дека нивната стапка е разумна (Iatridis c. Grèce (правична сатисфакција) [GC], бр. 31107/96, § 54, CEDH 2000-XI). Судот смета дека барањата на жалителот во однос на трошоците и издатоците не се придружени со потребните придружни документи. Затоа неговото барање треба да биде одбиено.
В. Затезни камати
99. Судот смета дека е соодветно да ги заснова стапките на затезните камати на најниската стапка на позајмување од Европската централна банка зголемени за три процентни поени.
Поради овие причини, Судот едногласно,
1. Одлучи дека имало непочитување на членот 14 заедно со членот 8 од Конвенцијата;
2. Одлучи
a) дека тужената држава треба да му ги исплати на жалителот, во рок од три месеци од денот кога пресудата ќе стане конечна согласно членот 44 став 2 од Конвенцијата, следните износи:
i. 6 339,18 ЕУР (шест илјади триста триесет и девет евра и осумнаесет центи), плус кој и да е износ кој би бил засметан за данок, за нематеријална штета;
ii. 8 000 ЕУР (осум илјади евра), плус кој и да е износ кој би бил засметана за данок, за нематеријална штета;
б) дека по истекот на наведениот рок па се до исплатата, овие износи ќе се зголемат со обична камата со стапка еднаква на најниската стапка за позајмување на Европската централна банка применлива за тој период, плус три процентни поени;
4. Го одби барањето за правичен надомест за остатокот.
Изработено на француски и доставено на писмено на 3 октомври 2013 година, согласно членот 77 став 2 и 3 од деловникот.
Серен НиелсенИзабел Беро-Лефевре,
СекретарПретседателка
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2014 [или годината што следи].
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014 [or subsequent year].
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014 [ou année suivante]
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy