© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ВТОР ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ БАТИСТА (BATTISTA) против ИТАЛИЈА
(Жалба бр. 43978/09)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
2 декември 2014
Оваа пресуда ќе стане конечна согласно условите дефинирани во членот 44 став 2 од Конвенцијата. Може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Батиста (Battista) против Италија,
Европскиот суд за човекови права (втор оддел), заседавајќи во совет составен од:
Ишил Каракаш (Işıl Karakaş), претседателка,
Гвидо Рајмонди (Guido Raimondi),
Андраш Сајо (András Sajó),
Небојша Вучиниќ (Nebojša Vučinić),
Хелен Келер (Helen Keller),
Егидијус Курис (Egidijus Kūris),
Роберт Спано (Robert Spano), судии,
и од Абел Кампос (Abel Campos), заменик секретар на судот,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на судскиот совет на 4 ноември 2014 г,
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалба (бр. 43978/09) против Република Италија од страна на државјанин на таа држава, г-дин. Алесандро Батиста (Alessandro Battista) („жалителот“) поднесена пред Судот на 6 август 2009 г. согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на ќовековите права и основни слободи („Конвенцијата“).
2. Жалителот беше застапуван од страна на г-дин. А. Батиста (A. Battista), адвокат во Неапол. Италијанската Влада („Владата“) беше застапувана од нејзиниот агент, г-ѓа Д.Спатафора (D. Spatafora).
3. На 11 април 2011 жалбата беше доставена до Владата.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
4. Жалителот, г-дин Алесандро Батиста, е италијански државјанин роден во 1967 година, кој живее во Неапол.
5. На почетокот на случајот, тоj бил во тек на постапка за законска разделба (séparation de bien) од неговата сопруга (D.L), и старателството над двете деца (G.L. и М.Т.) на двојката било привремено доделено заеднички на двајцата родители.
6. На 29 август 2007 година жалителот поднел барање до судијата за старателство нов пасош со внесување на името на неговиот син Г. Л. Неговата поранешна сопруга се спротивставила на тоа, тврдејќи дека жалителот не ја плаќал алиментацијата определена од страна на претседателот на судот при постапката за законска разделба.
7. Со декрет од 18 септември 2007 година, судијата за старателство го отфрлил барањето на жалителот, велејќи дека не било соодветно да се издаде пасош со оглед на задолжението да се заштити правото на децата да добиваат алиментација. Во оваа смисла, тој истакнал дека жалителот, кој бил должен да плаќа алиментација во износ од 600 евра, плаќал само мал дел (износи кои се движеле од 45 евра до 90 евра) и дека постоела опасност. во случај на одење во странство. тој целосно да ја избегне својата обврска.
8. Со одлука од 26 октомври 2007 година, судијата за старателство наредил името на М.Т. да биде избришано од пасошот на жалителот.
9. На 31 октомври 2007 година, полицискиот комесар (Questore) од Неапол му наредил на жалителот да го депонира својот пасош во полициската станица и ја поништил неговата лична карта важечка во странство.
10. Жалителот ја обжалил одлуката на судијата за старателство пред судот во Неапол. Тој тврдел:
- дека според одредбите на претседателот на судот при законската разделба, децата требале да го поминат летниот распуст од 10 до 26 август со него; дека, во тој контекст, тој сакал да ги однесе во Сицилија со авион; но дека поради оваа причина требало имињата на децата да бидат запишани во неговиот пасош;
- дека поради противењето на неговата поранешна сопруга и декретот на судијата за старателство, тој и неговите деца не можеле да заминат на одмор;
- дека имињата на децата биле запишани во пасошот на мајката;
- дека одбивањето на неговото барање претставувало незаконска санкција.
11. На 7 февруари 2008 година жалителот поднел барање до судијата за старателство од Неапол да му издаде нов пасош, објаснувајќи дека неговата поранешна сопруга ги зачувала во нивниот семеен дом неговите лична карта и пасош.
12. Со декрет на 29 февруари 2008 година, судијата за старателство од Неапол го отфрлил барањето со образложение дека жалителот не ја платил алиментацијата за неговите деца и постоел ризик барателот да замине во странство за сосем да ја избегне својата обврска.
Жалителот исто така ја обжалил таа одлука пред судот во Неапол, наведувајќи повреда на неговото право на слободно движење.
13. Со одлука од 5 февруари 2009 година, судот од Неапол ги обединил жалбите и ги отфрлил. Судот најпрво забележaл дека правната основа на одлуката на судијата за старателство бил законот од 21 ноември 1967 (број 1185), онака како што бил изменет со законот бр.3 од 2003 година (закон за пасоши).
14. Судот утврдил дека судијата за старателство имал надлежност да одлучува за барањето за пасош на жалителот и запишувањето на името на неговиот син. Во однос на основаноста на жалбата, судот забележал дека жалителот не ја исполнил обврската што ја имал во однос на алиментацијата и дека оваа претпоставка била една од законските основи за одбивањето да се издаде пасошот во интерес на децата, согласно членот 12 од Законот за пасоши.
15. На 4 ноември 2008 година, Д.Л. била осудена да плати парична казна од 100 евра (ЕУР) заради оневозможување на правото на посета на децата на жалителот.
16. Со декрет од 8 април 2009 година, судијата за старателство и дал, на нејзино барање, на Д.Л. пасош со имињата на двете деца.
17. На 21 август 2012 година жалителот побарал од судијата за старателство од Неапол да им издаде поединечни пасоши на неговите деца согласно со законодавниот декрет број 135 од 2009 година.
18. Д.Л. се спротиставила на тоа, тврдејќи дека пасошите не биле неопходни за децата, дека жалителот ја немал подмирено својата обврска за издршка од 2007 година и дека кривична постапка била дури во тек против него во врска со ова.
19. Со одлука од 3 октомври 2012 година, судијата за старателство го отфрлил барањето на жалителот. Тој сметал дека постапката за законска разделба помеѓу жалителот и Д.Л. била се ‘уште се во тек и дека во светлината на тврдењата искажани од страна на Д.Л., која имала старателство над децата, имало основа да се одложи издавањето на пасоши на децата. Жалителот не ја обжалил оваа одлука.
II. РЕЛЕВАНТНОТО ДОМАШНО И МЕЃУНАРОДНО ПРАВО
20. Законот од 21 ноември 1967 (бр 1185), како што е изменет со законот бр.3 од 2003 година, предвидува:
Член 3
Пасош не може да се издаде:
а) на деца кои, со оглед на тоа дека подлежат на родителското право, немаат согласност од родителите или, во спротивно, немаат одобрение од истражниот судија за старателство.
б) на родители кои, со оглед на то дека имаат малолетни деца, немаат дозвола од судијата за старателство. Оваа дозвола не е потребна ако има согласност од другиот родител, или ако само едниот родител го има старателството (...).
Член 12
Пасошот може да биде одземен кога лицето е во странство и не е во состојба да го докаже плаќањето на издршката одредена со одлука на судската власт во корист на малолетните деца (...).
21. Во праксата, постојат два исклучоци, кога издавањето на пасошот е сеуште дозволено: кога засегнатото лице ја докажало потребата за лекување во странство; и кога треба да оди во странство заради работа.
22. Законодавниот декрет број 135 од 2009 година ја вовел облигацијата малолетните лица да имаат индивидуален пасош. Така, од 25-ти ноември 2009 година, не е повеќе можно да се запишат малолетните деца на пасошите на родителите. Записите кои биле направени пред овој датум остануваат да важат согласно законските модалитети кои биле тогаш во сила. Рокот на важење на пасошот за малолетници варира во зависност од возраста: 3 години за децата до три години; 5 години за децата од три до осумнаесет години.
23. Регулативата (ЕЗ) бр 4/2009 од 18 декември 2008 за јурисдикцијата, применливото право, признавањето и извршувањето на одлуките и соработката за прашања кои се однесуваат на обврските за издршка предлага серија мерки за олеснување на плаќањето на издршка во прекугранични ситуации.
24. Хашката конвенција од 23 ноември 2007 година за меѓународен надомест за издршка на децата и на други членови на семејството воспоставува систем на административна соработка помеѓу надлежните органи на државите договорнички и системот на признавање и извршување одлуки и договори кои се однесуваат на обврските за издршка.
25. Њујоршката конвенција за надомест на издршката во странство била усвоена и отворена за потпишување на 20 Јуни 1956 година од страна на Конференцијата на Обединетите нации за обврските за издршка организирана согласно Резолуцијата 572 (XIX) на Економскиот и социјален совет на Обединетите нации, усвоена на 17 мај, 1955.
ПРАВОТО
II. ЗА НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 2 ОД ПРОТОКОЛОТ БР. 4 НА КОНВЕНЦИЈАТА
26. Жалителот се жалел на повреда на приватноста и слободата на движење. Особено, тој тврди дека не постои стандард кој му забранува на родител кој не плаќа издршка на дете да има пасош и во него да го запише името на своите деца.
Тој се повикал на членот 2 од Протоколот број 4 кон Конвенцијата, кој предвидува:
„1. Секој кој легално се наоѓа на територијата на дадена држава во неа има право слободно да се движи и слободно да го избере своето место на живеење.
2. Секое лице има право да напушти која и да е земја, вклучувајќи ја и својата.
3. Остварувањето на овие права не може да биде предмет на други ограничувања освен оние што се пропишани со закон и се неопходни, во едно демократско општество, за националната безбедност, за јавната сигурност, за одржувањето на јавниот ред и мир, за спречување на кривични дела, за заштита на здравјето и моралот, или за заштита на правата и слободите на другите.
4. Правата признати во став 1, исто така, можат во одредени области, да бидат предмет на ограничувања што се пропишани со закон и се оправдани со јавниот интерес во едно демократско општество. »
27. Владата ја оспорува тезата на жалителот.
A. За допуштеноста
28. Судот забележува дека жалбениот навод не е очигледно неоснован во смисла на членот 35 § 3 (а) од Конвенцијата. Тој понатаму забележува дека тој не е во спротивност со која и да е друга основа за недопуштеност. Оттука, истиот треба да биде прогласен за допуштен.
Б. За основаноста
Тезите на страните
29. Жалителот тврди дека не постои правна основа за одбивањето на властите да му издадат пасош. Поточно, тој тврди дека тој никогаш не бил осуден за непочитување на обврските за семејна асистенција (violazione degli obblighi di assistenza familiare, казниво дело согласно со членот 570 од Кривичниот законик) и дека ниту еден суд не го осудил за неплаќање на издршка. Покрај тоа, тој тврди дека тој нема криминално досие.
30. Владата потсетува дека членот 16 од Уставот предвидува дека слободата на граѓанинот да ја напушти територијата на Републиката е подредена на почитувањето на обврските предвидени со законот.
31. Таа потоа истакнува дека мешањето во правото на жалителот е изречно предвидено со закон, односно членот 3 а) и б) од Законот бр 1185 од 1967 година, и објаснува дека неговата цел е заштитата на децата: станува збор за тоа да се осигура дека жалителот ја плаќа издршката како и да се спречи извршувањето на кривично дело. Според Владата, ова мешање го исполнува критериумот на „неопходноста во едно демократско општество“, особено во светлината на судската пракса на Судот за неплатени долгови.
32. Во врска со ова, Владата потсетува дека судот од Неапол одлучил да ја упати својата одлука од 22 октомври 2008 г. до Јавниот обвинител за да се провери дали може да се отвори судска истрага за повреда на обврските на семејна асистенција (violazione degli obblighi di assistenza familiare), казниво дело согласно членот 570 од Кривичниот законик.
33. Владата забележува дека Уставниот суд, со пресудата 0464 од 1997 година, се произнел дека суштината на членот во прашање од Законот број 1185 од 1967 година била да се „осигура дека родителот ги исполнува своите обврски кон своите деца.“
Таа додава дека, во согласност со судската пракса на Касациониот суд, одлуката на судијата за старателство во оваа област претставува мерка за „доброволна јурисдикција“ (односно, која нема за цел трајно решавање на конфликтот помеѓу субјективните права на родителите).
34. Владата потсетува дека судската пракса на Судот во врска со ограничувањата на слободата на движење во ситуации на кривични судења кои се во тек, на стечај или на повреди на обврските во врска со воената служба.
2. Оценка на Судот
35. Судот најпрво забележува дека овој случај покренува ново прашање, бидејќи тој се уште немал можност да ги разгледа мерките за ограничување на слободата за напуштање на земјата поради постоење на долгови кон трето лице кои се од особено значење, како што се обврските за издршка.
36. Во претходни случаи испитани согласно членот 2 од Протокол бр 4, Судот или поранешната Европската комисија за човекови права се фокусирале на такви забрани, донесени на пример во контекст:
- на кривична постапка во тек (Schmidt с. Autriche, бр. 10670/83, одлука на Комисијата од 9 јули 1985, Одлуки и извештаи (ОИ) 44, стр. 195 ; Baumann c. France, бр. 33592/96, ЕСЧП 2001V ; Földes et Földesné Hajlik c. Hongrie, бр. 41463/02, ЕСЧП 2006XII ; Sissanis c. Roumanie, бр. 23468/02, 25 јануари 2007 ; Bessenyei c. Hongrie, бр. 37509/06, 21 октомври 2008 ; A.E. c. Pologne, бр. 14480/04, 31 март 2009 ; Iordan Iordanov et autres c. Bulgarie, бр. 23530/02, 2 јули 2009 ; Makedonski c. Bulgarie, бр. 36036/04, 20 јануари 2011 ; Pfeifer c. Bulgarie, бр. 24733/04, 17 февруари 2011 ; Prescher c. Bulgarie, бр. 6767/04, 7 јуни 2011 ; и Miażdżyk c. Pologne, бр. 23592/07, 24 јануари 2012) ;
- на извршување на казна (М. c. Allemagne, бр. 10307/83, одлука на Комисијата од 6 март 1984, DR 37, стр. 113) ;
– на кривична осуда на засегнатото лице, се додека тоа не е рехабилитирано (Nalbantski c. Bulgarie, бр. 30943/04, 10 февруари 2011) ;
– на стечајна постапка која е во тек (Luordo c. Italie, бр. 32190/96, ЕСЧП 2003IX) ;
– на одбивање за плаќање на царинска казна (Napijalo c. Croatie, бр. 66485/01, 13 ноември 2003) ;
– на неплаќање данок (Riener c. Bulgarie, бр. 46343/99, 23 мај 2006) ;
– на невраќање на долг утврден со судска одлука на приватен кредитор (Ignatov c. Bulgarie, бр. 50/02, 2 јули 2009, и Gochev c. Bulgarie, бр. 34383/03, 26 ноември 2009 ; Khlyustov c. Russie, бр. 28975/05, 11 јули 2013) ;
– на знаењето на „државни тајни“ (Bartik c. Russie, бр. 55565/00, CEDH 2006XV) ;
– на неизвршување на обврските за воена служба (Peltonen c. Finlande, бр. 19583/92, одлука на Комисијата од 20 февруари 1995, DR 80A, стр. 38, и Marangos c. Chypre, бр. 31106/96, одлука на Комисијата од 20 мај 1997, необјавена) ;
– на ментална болест на засегнатиот, заедно со отсуство на структура која би овозможила негово соодветно згрижување во земјата на дестинација (Nordblad c. Suède, бр. 19076/91, одлука на Комисијата од 13 октомври 1993, необјавена) ;
– на постоење судска одлука која забранува да се одведе малолетно дете во странство (Roldan Texeira et autres c. Italie (одл.), бр 40655/98, 26 октомври 2000, и Diamante et Pelliccioni c. Saint-Marin, бр. 32250/08, 27 септември 2011) ;
– на забраната за еден Бугарин да ја напушти националната територија во текот на две години заради повреда на законите на САД за имиграција (Stamose c. Bulgarie, бр. 29713/05, ЕСЧП 2012).
Судот смета дека наспроти разликите меѓу овие случаи и сегашниот, истите приниципи се овде применливи.
37. Членот 2 § 2 од Протоколот бр 4 го гарантира правото на секој да напушти која и да е земја за да оди во која и да е друга земја по негов избор во која веројатно ќе биде примен. Одбивањето да му се издаде пасош на жалителот и поништувањето на личната карта за патувањата во странство од страна на домашните судови претставува повреда на ова право (видете ја претходно наведената одлука Peltonen, стр. 43, и претходно наведените пресуди , Baumann, §§ 62-63, Napijalo, §§ 69-73, и Nalbantski, § 61). Затоа, треба да се утврди дали таа повреда била „пропишана со закон“, имала една или повеќе легитимни цели утврдени во членот 2 § 3 од Протоколот 4, и дали била „неопходна во едно демократско општество“ за постигнување на целта или целите.
38. Во однос на законитоста на оваа мерка, Судот потсетува на неговата постојана судска пракса според која изразот „пропишана со закон“, не само што бара оспорената мерка да да има некоја основа во домашното право, туку, исто така, се однесува на квалитетот на правото во прашање: тој мора да биде достапен за засегнатите и предвидлив во однос на неговите правни дејства (Rotaru c. Roumanie [ГС], бр. 28341/95, § 52, ЕСЧП 2000-V). За законот да го задоволи барањето за предвидливост, тој мора да ги утврди со доволна прецизност условите под кои дадена мерка може да се примени, за да им овозможи на засегнатите лица да го усогласат нивното однесување со користење на, доколку е потребно, експертски совети .
39. Како што тоа го истакнува Владата, мешањето било врз основа на членот 12 од Законот за пасоши од 21 ноември 1967 година (бр. 1185), како што бил изменет со Законот бр.3 од 2003 година, во врска со фактот дека жалителот не ја плаќал издршката што бил обврзан да ја плаќа за своите деца. Мешањето на тој начин имало јасна правна основа во домашното право. Во оваа смисла, Судот исто така забележува дека Уставниот суд во својата пресуда бр.0464 рекол дека суштината на членот во прашање од Законот бр 1185 од 1967 година била да се осигура дека родителите ги исполнуваат своите обврски во однос на нивните деца.“
40. Судот, исто така, смета дека изрекувањето на оваа мерка има за цел да ги обезбеди интересите на децата на жалителот и дека во принцип таа има ја има за легитимна цел заштитата на правата на другите - во овој случај, оние на децата кои треба да ја добијат издршката.
41. Во однос на сразмерноста на ограничувањето изречено врз основа на неплатен долг, Судот укажува дека таквата мерка е оправдана само доколку таа се стреми кон целта на обезбедување на наплатата на долговите (Napijalo, цитирана погоре, §§ 78-82). Покрај тоа, дури и да била оправдана првично, мерка за ограничување на слободата на движење на лице може да стане несразмерна и да ги повреди правата на тоа лице доколку таа автоматски се продолжува подолго време (Luordo, цитирана погоре, § 96, и Földes et Földesné Hajlik, цитирана погоре, § 35)
42. Во секој случај, националните власти се обврзани да се осигураат дека секоја повреда на правото на едно лице да ја напушти својата земја, од самиот почеток и се додека таа трае, е оправдана и сразмерна во однос на околностите. Тие не можат да продолжуваат долго мерки за ограничување на слободата на движење на лице без да прават периодична анализа на нивната оправданост (Riener, цитирана погоре, § 124, и Földes et Földesné Hajlik, цитирана погоре, § 35). Оваа контрола нормално треба да биде обезбедена, барем во краен случај, од страна на судската власт, бидејќи таа нуди најдобра гаранција за независност, непристрасност и регуларност на постапките (Sissanis c.` Roumanie, бр. 23468/02, § 70, 25 јануари 2007). Обемот на судската ревизија треба да му овозможи на судот да ги земе предвид сите елементи, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на сразмерноста на рестриктивната мерка (видете, mutatis mutandis, Le Compte, Van Leuven et De Meyere c. Belgique, 23 јуни 1981, § 60, серија A бр. 43.
43. Имајќи ги во предвид околностите на случајот, Судот забележува дека жалителот нема повеќе пасош, ниту лична карта кои важат во странство од 2008 година. Тој забележува дека на жалителот му било одбиено доделување на пасош и лична карта кои важат во странство поради неплаќањето на издршката. Домашните судови (ставови 11-12 погоре), истакнале дека жалителот не ја платил издршката што тој бил обврзан да ја плати за неговите деца и дека постоел ризик дека нема повеќе да плаќа доколку замине во странство.
44. Како што произлегува од предметот и особено од релевантните национални одлуки, домашните судови не оцениле дека е неопходно да се испитаат личните околности на засегнатото лице, ниту пак неговата способност да го плати долгот и ја примениле спорната мерка автоматски. Во овој случај, се чини дека немало никаква пондерација на правата во прашање. Само финансиските интереси на корисниците на издршката биле земени во предвид.
45. Понатаму, Судот забележува дека прашањето на наплатата на побарувањата за издршка е предмет на соработка за граѓански прашања на европско и меѓународно ниво. Тој потсетува дека постојат начини на кои би можело да се постигне наплаќањето на долгот надвор од националните граници, особено Регулативата (ЕЗ) бр 4/2009 на Советот од 18 декември 2008 за надлежноста, применливото право, признавањето и спроведувањето на одлуките и соработката за прашања кои се однесуваат на обврските за издршка, Хашката конвенција од 23 ноември 2007 година за Меѓународна наплата на издршка наменета за децата и други членови на семејството и Њујоршката конвенција за наплата на издршката во странство. Овие инструменти не биле земени во предвид од страна на властите во времето на примената на спорната мерка. Тие се ограничиле на тоа да истакнат дека жалителот би можел да оди во странство со својот пасош и на тој начин да ја избегне својата обврска.
46. Понатаму, Судот забележува дека во конкретниот случај, ограничувањето наметнато на жалителот не го гарантирало плаќањето на издршката.
47. Според тоа, тој смета дека на жалителот му била изречена автоматска мерка, без никакви ограничувања во нејзиниот обем или во времетраење (Riener, цитирана погоре, § 127). Покрај тоа, не била направена од страна на домашните судови никаква ревизија на оправданоста и сразмерноста на мерката во околностите на случајот од 2008 година.
48. Во светло на претходно изнесеното, Судот смета дека автоматското изрекување на таква мерка, на неопределено време, без да се земат предвид околностите на засегнатото лице, не може да се оквалификува како неопходно во едно демократско општество.
49. Оттука, имало повреда на членот 2 од Протоколот број 4 од Конвенцијата.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
50. Жалителот се жали дека не-издавањето на пасошот претставува повреда на неговото право на приватен живот како што е предвидено со членот 8 од Конвенцијата, кој предвидува:
"1. Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.“-
51. Судот забележува дека жалбeниот навод онака како што бил презентиран од страна на жалителот, е тесно поврзан со оној кој се повикува на членот 2 од Протоколот бр 4, кој беше разгледан погоре, и оттука треба, исто така, да биде прогласен за допуштен.
52. Имајќи ги предвид заклучоците до кои дошол погоре (ставови 48 и 49 погоре), Судот не смета дека е потребно тој да се испита одделно.
III. ЗА ДРУГИ НАВОДНИ ПОВРЕДИ
53. Жалителот тврди дека имало повреда на членот 5 од Протоколот 7 бидејќи мајката на неговите деца имала привилегирана третман со тоа што го добила, за разлика од него, правото да ги внесе имињата на децата на својот пасош.
54. Судот прво забележува дека овој жалбен навод не е поткрепен. Со оглед на тоа што се однесува на одделно прашање од она што било разгледувано погоре и во оној степен во кој тој е надлежен да суди за изнесените наводи, Судот не наоѓа појава на повреда на правата и слободите гарантирани со Конвенцијата. Според тоа, го прогласува жалбениот навод за недопуштен.
IV. ЗА ПРИМЕНАТА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
55. Според членот 41 од Конвенцијата,
„ Ако Судот изјави дека имало непочитување на Конвенцијата и на нејзините Протоколи, и ако националното право на Високата Договорна Страна овозможува само делумно бришење на последиците од ова непочитување, Судот ѝ доделува на оштететената страна, доколу е потребно, правичен надоместок.“
A. Штета
56. Жалителот бара 30.000 евра (ЕУР) за материјалната и нематеријалната штета што тврди дека ги претрпел во негово име и во име на децата, поради неможноста да патуваат во странство.
57. Владата го оспори ова барање. Таа цени дека бараниот износ е во секој случај прекумерен и е неусогласен со параметрите за подмирување на Судот
58. Судот смета дека е соодветно да му се дадат на жалителот 5 000 ЕУР за нематеријална штета.
Б. Трошоци и издатоци
59. Без писмен докази во поткрепа, жалителот, исто така, бара 20 000 ЕУР за трошоците и издатоците направени пред домашните судови и пред Судот.
60. Владата смета дека износот е прекумерен и тврди дека жалителот не покажал дека наводните трошоци и издатоци се неопходни и разумни.
61. Согласно судската пракса на Судот, жалителот има право на надомест на трошоците и издатоците само доколку е утврдена нивната реалност, нивната неопходност и разумноста на нивните стапки. Во овој случај, Судот забележува дека жалителот не обезбедил писмени докази во поткрепа на своето барање и одлучи да не додели ништо врз овој основ.
В. Затезни камати
62. Судот смета дека е соодветно да ги заснова стапките на затезните камати на најниската стапка на позајмување од Европската централна банка зголемена за три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Ја прогласи, едногласно, жалбата за допуштена што се однесува на жалбените наводи согласно членовите 2 од Протоколот бр 4 и 8 од Конвенцијата,
2. Ја прогласи, со мнозинство гласови, жалбата за недопуштена за остатокот;
3. Одлучи, едногласно, дека имало повреда на членот 2 од Протоколот 4 од Конвенцијата;
4. Одлучи, едногласно, дека немало потреба да се разгледа жалбениот навод според членот 8 од Конвенцијата;
5. Одлучи, едногласно,
а) дека тужената држава треба да му плати на жалителот, во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане конечна во согласност со членот 44 § 2 од Конвенцијата, 5 000 ЕУР (пет илјади евра), плус кој и да е износ кој може да произлезе како данок, за нематеријална штета
б) дека по истекот на наведениот рок па се до исплатата, овие износи ќе се зголемат со обична камата со стапка еднаква на најниската стапка за позајмување на Европската централна банка применлива за тој период, плус три процентни поени;
6. Го отфрли, со шест гласови против еден, барањето за правичен надомест за остатокот.
Изработено на француски и доставено на писмено на 2 декември 2014 година, согласно членот 77 став 2 и 3 од Деловникот
Абел КампосИшил Каракаш
Заменик секретар на судотПретседателка
Кон оваа пресуда прикачено е, согласно членот 45 став 2 од Конвенцијата и членот 74 став 2 од Деловникот, експозето на издвоеното мислење на судијата Курис.
А. И. К.
А.Ц.
Издвоеното мислење не е преведено, но тоа е дел од официјалните верзии на пресудата на англиски јазик и француски јазик кои може да се најдат во датабазата на судската пракса на Судот - HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy