СЛУЧАЈОТ НА БЕКЧИЕВ против МОЛДАВИЈА
(Жалба бр. 9190/03)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
4 октомври 2005 год.
КОНЕЧНА ВЕРЗИЈА
04/01/2006
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Оваа пресуда ќе стане правосилна во околностите утврдени во членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да подлегне на уредувачка ревизија.
Во случајот на Бекчиев против Молдавија,
Европскиот суд за човекови права (Четвртата секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:
СерНиколас Браца (Nicolas Bratza), претседател,
Г-динХ. Касадевал (J. Casadevall),
Г-динЏ. Бонело (G. Bonello),
Г-динР. Марусте (R. Maruste),
Г-динС. Павловски (S. Pavlovschi),
Г-динЛ. Гарлицки (L. Garlicki),
Г-динХ. Борего Борего (J. Borrego Borrego), судии,
и г-дин М. О’Бојл (M. O’Boyle), секретар на Секцијата,
Откако го разгледа случајот на затворени седници на 13 септември 2005 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 9190/03) против Република Молдавија поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на молдавски државјанин, г-динот Константин Бекчиев („жалителот“) на 7 март 2003 година.
2. Жалителот бил претставуван од г-динот Виталие Нагачевски и г-динот Виктор Константинов, адвокати со пракса во Кишињев. Молдавската Влада („Владата“) беше претставувана од нејзиниот агент, г-динот Виталие Парлог.
3. Жалителот се жалеше на неговиот притвор и на различни наводни повреди во таа насока: повреди на членот 3 (услови на притворот); членот 5 § 3 (недоволни причини дадени од судовите за притворот); и членот 5 § 4 (одбивање да се сослуша сведок).
4. Жалбата и биле доделена на Четвртата секција на Судот (правилото 52 § 1 од Деловникот на Судот). Во рамките на Секцијата, Судскиот совет што требаше да го разгледа случајот (член 27 § 1 од Конвенцијата) беше формиран согласно правилото 26 § 1.
5. На 1 ноември 2004 г. Судот го смени составот на своите Секции (правилото 25 § 1). Овој случај и беше доделен на новосоставената Четврта секција (правилото 52 § 1).
6. Со одлука од 5 април 2005 г., Судот ја прогласи жалбата за делумно допуштена.
7. И жалителот и Владата поднесоа забелешки во однос на основаноста (правило 59 § 1), Судскиот совет одлучи, по консултации со странките, дека нема потреба од расправа по основаноста (правилото 59 § 3 in fine).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
8. Жалителот, г-динот Константин Бекчиев, е молдавски државјанин роден во 1955 г. и живее во Кишињев. Тој е раководител на Јавното претпријатие за вода на Кишињев.
1. Позадина
9. На 21 февруари 2003 г. тој бил уапсен од Одделот за кривична истрага на Министерството за внатрешни работи под обвинение за проневера.
10. На 23 февруари 2003 г. кривичниот истражител задолжен за случајот побарал од Окружниот суд Центар налог за притвор на жалителот на триесет дена. Причините посочени од истражното лице биле следниве:
„Бекчиев сторил сериозно кривично дело, може да им избега на истражните органи и на судот, може да влијае на учесниците во истрагата и на откривањето на вистината, а казнената мерка предвидена од законот за ова кривично дело е казна затвор поголема од една година“.
2. Расправи во врска со притворот пред Окружниот суд Центар и пред Регионалниот суд на Кишињев
11. На 24 февруари 2003 г., после расправата на кој жалителот и неговиот адвокат биле присутни, Окружниот суд Центар издал налог за негов притвор на дваесет и пет дена. Образложението на судот било следново:
„осомничениот е на возраст на која може кривично да се гони, тој е осомничен за тоа дека сторил сериозно дело, тој може да им избега на истражните органи и на судот и може да влијае на сведоците и откривањето на вистината“.
12. Адвокатите на жалителот поднеле жалба против налогот, тврдејќи меѓу другото дека одлуката за притворот на жалителот била неоснована. Тие изјавиле дека постапката чекала од 2001 г. и дека за тоа време жалителот никогаш не ја попречил на никаков начин истрагата. Тој патувал во странство во повеќе прилики и секој пат се враќал и секогаш се однесувал беспрекорно во однос на истрагата. Тој бил добро познат и почитуван човек и имал семејство и куќа, а многу респектабилни луѓе биле подготвени да гарантираат како гаранти доколку бил ослободен во согласност со одредбите на Законот за кривична постапка. Општинскиот совет на Кишињев и лидерот на опозициската парламентарна партија исто така најавиле намера да му бидат гаранти за да се обезбеди негово ослободување. Адвокатите исто така изјавиле дека жалителот бил подготвен да го предаде својот пасош. Тие конечно тврделе дека притворот на жалителот бил политички мотивиран и бил спроведен за да се поклопи со локалните избори кои се приближувале.
13. Тие барале жалителот да биде лично присутен на расправата, но барањето било отфрлено заедно со жалбата на жалителот после расправата на 4 март 2003 г. од страна на Регионалниот суд на Кишињев. При отфрлањето на жалбата, судот не се потпирал на некој друг аргумент освен оние на кои се потпирал првостепениот суд.
3. Условите за притворот на жалителот меѓу 23 февруари 2003 и 1 април 2003 г.
14. Во меѓувреме жалителот бил притворен во центарот за притвор на Министерството за внатрешни работи во Кишињев.
(а) Изјаснување на жалителот
15. Според жалителот условите на притворот биле нечовечни и понижувачки. Ќелијата била влажна, прозорецот бил затворен со метални плочки и електричната светилка цело време била вклучена. Ќелиите немале вентилација. Како резултат на влагата, облеката на затворениците била влажна и гниела на нивните тела. Наместо тоалет имало кофа која не била издвоена од остатокот од ќелијата. Наместо кревети имало дрвени полици без душеци, перници, ќебиња или постела. На затворениците не им била овозможена дневна прошетка. Немало одржување на хигиена во ќелијата. Немало туш и жалителот постојано бил соочен со ризик да се разболи од туберкулоза, кожни инфекции и други инфективни болести.
16. Жалителот се изјасни дека храната била многу лоша. Износот што дневно државата го трошела на храната на еден затворени бил 3,5 молдавски леи (МДЛ) (0,23 евра (ЕУР)). Заради неможноста на државата да обезбеди соодветна храна, на затворениците им било дозволено да примаат храна од нивните семејства. Меѓутоа во случајот на жалителот законските одредби се применувале стриктно и нему не му било дозволено да прима пакети од неговото семејство повеќе од еднаш месечно.
(б) Изјаснување на Владата
17. Жалителот бил притворен во ќелијата бр. 6 во центарот за притвор на Министерството за внатрешни работи. Површината на ќелијата била 12 метри квадратни и вообичаено во ќелијата биле притворени четири до пет лица.
18. Во ќелијата имало прозорец и дневна светлина. Вентилацијата во ќелијата се вршела преку вообичаен систем за вентилација. Ќелиите имале тоалет со вода. Во 2002 г. просториите во центарот за притвор биле реновирани и тоалетите издвоени од останатиот дел од ќелијата со ѕид за да им се даде приватност за притворениците. Ќелиите постојано имале вода од чешма и адекватно на тоа затворениците одржувале соодветно ниво на хигиена. Ќелиите биле честопати дезинфицирани, а притворениците имале пристап до туш еднаш неделно.
19. За време на неговиот притвор жалителот имал можност да игра шах, дама и домино и да чита книги и списанија. Исто така имал можност да се моли и да користи религиозна литература.
20. Во своите почетни забелешки во однос на допуштеноста и основаноста од септември 2004 г. Владата не ги оспорила тврдењата на жалителот дека немало двор за вежбање во затворот и заради тоа притворениците не можеле да вежбаат надвор. Меѓутоа, во нивните дополнителни забелешки од јуни 2005 г. Владата тврдела дека жалителот уживал во прошетки по еден час дневно, во било кој делот од денот кога му одговарало.
21. Притворениците добивале бесплатна храна во согласност со нормите утврдени од Владата и квалитетот на храната бил задоволувачки. Во затворот секојдневно добивале леб, растително масло, зеленчук, чај и шеќер. Заради недоволни финансиски средства на притворениците не им се служело месо и риба; меѓутоа добивале зголемено количество на житарки и липиди. Исто така притворениците, вклучително жалителот, имале право да добиваат храна од своите семејства.
22. Жалителот имал пристап до медицинска помош.
4. Расправи во врска со првото продолжување на притворот пред Окружниот суд Центар и пред Регионалниот суд на Кишињев
23. На 18 март 2003 г. Окружниот суд Центар го одобрил барањето на истражителот за продолжување на притворот на жалителот за дополнителни триесет дена. Образложението на судот не било сосема исто како тоа дадено кога првиот притвор бил наложен. Жалителот се жалел против таа одлука, но жалбата била отфрлена од страна на Регионалниот суд на Кишињев на 21 март 2003 г. на расправата на која на жалителот не му било дозволено да присуствува иако неговиот адвокат бил присутен Не биле изнесени нови аргументи од страна на Регионалниот суд во Кишињев.
5. Префрлање на жалителот во друга установа за притвор
24. На 1 април 2003 г. жалителот бил префрлен од центарот за притвор на Министерството за внатрешни работи во центар за притвор на Министерството за правда.
6. Расправа во врска со второто продолжување на притворот пред Окружниот суд Центар и пред Регионалниот суд во Кишињев и интервјуто на Ц.Б.
25. На 17 април 2003 г. Окружниот суд Центар повторно го продолжил притворот на жалителот за триесет дена. Не биле дадени нови причини. Жалителот ја обжалил одлуката.
26. На 18 април 2003 г. независниот неделен весник „Тимпул“ објавил интервју со полицискиот полковник „Ц.Б.“ кој работел како виш инспектор во Управата за прекугранични финансиски кривични дела во рамките на Генералниот инспекторат на Министерството за внатрешни работи кој долго време бил задолжен за случајот на жалителот и го уапсил жалителот на 21 февруари 2003 г. Тој меѓу другото изјавил:
„Одговорно изјавувам дека досието на Бекчиев е фабрикувано, по наредба на шефовите од Министерството за внатрешни работи и од политички причини. Вистинската цел на оваа измислица е градоначалникот Серафим Урекеану и неговиот тим...
Г-динот Бекчиев им ги обезбеди на истражните органи сите потребни информации, тој лично се појавуваше пред истражителите секогаш кога ќе го повикаа и никогаш не дал причини да се верува дека планирал да избега. Всушност тој има патувано во странство во повеќе прилики по отпочнувањето на истрагата и се враќаше секој пат. Ниеден друг осомничен, дури и оние коишто се јасно инволвирани, никогаш не се уапсени ...
Досието не содржи и никогаш не содржело никакви докази кои би покажале дека Бекчиев е виновен. Многу, ако не и сите изјави на сведоците од досието се фалсификувани или добиени по пат на притисок и уцена. Дури и графолошкото вештачење не докажа дека на документите стоел потписот на Бекчиев, врз основа на што беше започната кривичната истрага ... Шефовите од Министерството за внатрешни работи ми вршеа голем притисок за да дојдам на наклонети заклучоци од графолошките вештаци...
Можам да кажам дека замениците министри У. и В. вршеа притисок врз претседателот на Окружниот суд Центар. Судијата Д.В. лично ми кажа дека бил повикан од заменикот министер Б. – негов поранешен пријател од факултет. Од моја страна јас му кажав дека досието го надгледува претседателот на државата, и дека одлука различна од притвор ќе го чини секој судија работното место...
Во мај 2002 г. бев поканет да се видам со заменикот министер А.У., кој ме праша дали можам да најдам докази за компромитирање на градоначалникот ... Во септември тој повторно ме повика, овој пат за да ми каже дека сум бил вклучен во групата за спроведување на истрага во случајот на Бекчиев. Тој исто така ми кажа дека моја цел треба да биде општината Кишињев и апсењето на Бекчиев и на заменикот градоначалник Анатол Туркан ... И дека доколку успеам ќе бидам унапреден...
Побараа од мене експлицитно да обезбедам признание по секоја цена бидејќи ‘немало време за губење, бидејќи изборите се приближувале’. Тогаш ја сфатив сериозноста на ситуацијата...
Одлуката дека повеќе не можам да работам со нив ми дојде кога почнаа да вршат притисок врз мене и да ме обвинуваат откако не успеав да го обезбедам потребното признание...
Никој не може или нема да покаже дека Бекчиев бил дел од таа зделка... Истражителите знаат добро кој бил инволвиран... Се работеше за В.П., еден од сопствениците на банката „М“, поранешен член на Општинскиот совет на Кишињев од страната на Комунистичката партија и спонзор на оваа партија на последните избори...
Тие мислеа дека премногу се приближив до вистината и ме отстранија.“
27. На 25 април 2003 г. Регионалниот суд на Кишињев одржи расправа и ја отфрли жалбата на жалителот, потпирајќи се на сосема истите причини како претходно. Барањето на жалителот да биде присутен било одбиено; меѓутоа адвокатите биле присутни. Судот исто така го одбил барањето на жалителот да ги види сите документи од истрагата и да го испраша „Ц.Б.“ како сведок. Не дал никакво образложение за ова одбивање.
7. Последователни настани
28. На 12 јуни 2003 г. истражителите ја завршиле работата на случајот и досието било испратено до надлежниот суд.
29. На 27 јули 2003 г. првата расправа од кривичната постапка се одржала пред Окружниот суд Рашкани.
30. Жалителот бил ослободен од притвор на 12 август 2003 г. Кривичната постапка против него сè уште чека.
II. РЕЛЕВАНТЕН МАТЕРИЈАЛ КОЈ НЕ Е ПОВРЗАН СО КОНВЕНЦИЈАТА
1. Акти на Европскиот комитет за спречување на мачење и нечовечно или понижувачко постапување или казнување (КСТ)
31. Релевантните делови од извештајот на КСТ од посетата на Молдавија меѓу 11 и 21 октомври 1998 г. го велат следново:
„55. Во Кишињев, центарот за притвор имаше 23 ќелии; со официјален капацитет од 79 места, во времето на посетата таму беа сместени 40 притвореници кои чекаа судење и 20 административни притвореници. Како и во Балци, делегацијата во установата најде малолетници кои делеа ќелии со возрасни подолг период.
Големината на ќелиите варираше приближно од 7 м² до 15 м². Во времето на посета, во малите ќелии се држеа до двајца затвореници, а во големите до четири или пет. Таква стапка на пополнетост може да се смета дека се приближува на норми кои се толерираат. Во ќелиите имаше дрвена платформа приближно два метри долга, генерално покривајќи ја целата ширина на ќелијата и азиски тоалет. Како и другите установи што беа посетени, притворениците немаа добиено ниту душек ниту ќебиња. Дополнително на тоа вентилацијата во ќелиите беше средна, пристапот до природна светлина буквално непостоечки, а вештачкото осветлување над вратата постојано беше вклучено; ова има пречеше на притворениците навечер.
Делегацијата забележа дека блокот со ќелии имаше простор за туширање; меѓутоа притворениците тврдеа дека не знаеле дека постои. Немало никакви можности за вежбање надвор.
56. Лишувањето на лицата од нивната слобода ја наметнува обврската да се притворат во услови коишто се доследни на нераздвојното достоинство на човековата личност. Фактите до кои се дојде за време на посетата на КСТ покажаа дека молдавските власти не успеале да ја исполнат обврската што се однесува на лицата притворени во окружната полициска станица и центрите за притвор кои беа посетени. Исто така информациите достапните на КСТ сугерираат дека ситуацијата не е ништо поразлична од другите полициски установи во Молдавија. На многу начини условите кои доминираат во окружните полициски станици и центри за притвор кои беа посетени достигнуваат нечовечко и понижувачко постапување и дополнително претставуваат голем ризик по здравјето на притворените лица.“
32. Релевантните делови од извештајот на КСТ од посетата на Молдавија меѓу 10 и 22 јуни 2001 г. го велат следново:
„56. Во врска со центрите за притвор посетени низ цела Молдавија делегацијата дојде до приближно слични наоди, со помали исклучоци, во однос на ужасните и лоши материјални услови. За да се избегне детален опис, ве молиме побарајте дополнителни информации во параграфите 53-55 од извештајот за посетата од 1998 г.
Во центарот за притвор на Кишињев ваквите услови беа уште полоши заради големата пренатрупаност. Во времето на посетата 248 од притворениците се држеа во установа со максимален капацитет за 80 притвореници, и на тој начин 9 лица мораа да живеат во ќелија од 7м², додека 11 до 14 лица беа сместени во ќелии од 10 до 15м².
57. Во посетените центри за притвор делегацијата доби бројни поплаки на квалитетот на храната. Таа во основа вклучуваше: шолја чај без шеќер и резанка леб наутро, житна каша на пладне и шолја топла вода навечер. На некои од местата храната се делеше само еднаш на ден и вклучуваше супа и резанка леб.“
2. Релевантно домашно право
33. Релевантните одредби од Законот за кривична постапка (‘ЗКП’) се следниве:
Член 73 § 1
„Доколку постои сериозен основ да се верува дека обвинетиот ќе избега, ќе го попречи утврдувањето на вистината за време на кривичната постапка или ќе го повтори делото ..., една од следниве превентивни мерки можат да се наметнат: писмено ветување дека нема да го напушти округот, кауција, гаранција од јавна организација или притвор.
...
Кога се одлучува за потребата да се изрече превентивна мерка како и во однос на изборот на превентивна мерка, ... судот ќе обрне внимание покрај на околностите посочени во првиот став на овој член, и на такви околности како што е сериозноста на делото што му се препишува, личноста на обвинетиот, неговото или нејзиното занимање, возраста, здравствената состојба, семејниот статус и други околности.
Член 76. Лична гаранција
Личната гаранција се состои од писмено ветување дадено од лице со кредибилитет како гаранција за соодветното однесување на обвинетиот и негово појавување пред истражен орган, обвинител или суд, кога има таква потреба. Бројот на гаранти не може да е помал од двајца.
Во моментот на давањето на писменото ветување, гарантот ќе биде запознаен со основата на случајот заради која бил наложен притворот и ќе биде предупреден за неговата одговорност во случај обвинетиот да ги прекрши правилата. Во овој случај судот може парично да го казни гарантот со стопати минималната плата во согласност со одредбите од членот 294 од актуелниот Закон.
Член 78 § 1
Притвор може да се изрече ... во случаи во врска со дела за кои законот предвидува казни затвор за период подолг од една година. Во исклучителни случаи кога судот собрал докази дека обвинетиот ги сторил делата споменати во членот 73 § 1, притворот може да се изрече ... во случаи на дела за кои законот предвидува казни затвор за период пократок од една година.“
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
34. Жалителот се жалеше согласно членот 3 од Конвенцијата на условите на притворот во Центарот за притвор на Министерството за внатрешни работи меѓу 23 февруари 2003 г. и 1 април 2003 г. Членот 3 го вели следново:
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.“
А. Изјаснувањата на странките
35. Жалителот тврдеше дека во однос на адекватноста на санитарните услови, вентилацијата, пристапот до дневна светлина, загревање, можности за рекреација и храна, условите на притворот во центарот за притвор достигнале нечовечно и понижувачко постапување. Тој се изјасни дека неговите тврдења биле потврдени од страна на КСТ во неговите извештаи во 1998 г. и 2001 г. (види во параграфите 31 и 32 горе).
36. Упатувајќи на нивните изјаснувања по фактите, Владата сметаше дека условите на притворот не достигнале нечовечно и понижувачко постапување. Тие се изјаснија дека наодите на КСТ во нивните извештаи од 1998 и 2001 година не биле релевантни бидејќи состојбата од тогаш се подобрила. Пред сè, во летото 2002 г. затворот бил реновиран.
Б. Оценка на Судот
1. Општи принципи
37. Членот 3 од Конвенцијата ја вградува една од најосновните вредности на демократското општество. Тој забранува во апсолутна смисла мачење или нечовечно или понижувачко постапување или казнување без разлика на околностите и однесувањето на жртвата (види ги, на пример Labita v. Italy [GC], no 26772/95, § 119, ECHR 2000-IV).
38. Малтретирањето мора да го постигне минимумот ниво на сериозност за да потпадне под опсегот на членот 3. Проценката на овој минимум е релативна; зависи од сите околности на случајот, како што се времетраењето на малтретирањето, неговите физички и/или ментални последици и, во некои случаи, полот, возраста и здравствената состојба на жртвата (види, меѓу другите извори, Ireland v. the United Kingdom, judgment of 18 January 1978, Series A no. 25, p. 65, § 162).
39. Судот го сметаше постапувањето за „нечовечно“ бидејќи меѓу другото било со умисла, применувано со часови и предизвикало или реални телесни повреди или интензивно физичко или ментално страдање. Тој сметаше дека постапувањето било „понижувачко“ бидејќи било такво што требало кај жртвите да предизвика чувства на страв, болка и инфериорност способна да ги омаловажи или да им ја намали вредноста (види, на пример, Kudla v. Poland [GC], no. 30210/96, § 92, ECHR 2000-XI). При разгледувањето за тоа дали конкретната форма на постапување била „понижувачка“ во рамките на значењето на членот 3 Судот ќе мора да земе во предвид дали неговата цел била да го омаловажи засегнатото лице и дали, што се однесува до последиците, тоа негативно влијаело врз неговата или нејзината личност на начин што не е компатибилен со членот 3. Меѓутоа, отсуството на таквата намера не може со сигурност да го отфрли наодот на повреда на членот 3 (види, на пример, Raninen v. Finland, judgment of 16 December 1997, Reports of Judgments and Decisions, 1997-VIII, pp. 2821-22, § 55, и Peers v. Greece, no. 28524/95, § 74, ECHR 2001‑III).
40. Државата мора да обезбеди лицето да е притворено во услови коишто се компатибилни на неговото човечко достоинство, дека начинот и методот на извршување на мерката не го изложува на болка или тешкотија со интензитет што го надминува неизбежното ниво на страдање што е вообичаено за притворот и дека, со оглед на практичните барања на затворот, неговото здравје и благосостојба да бидат соодветно обезбедени, меѓу другото со тоа што ќе му се обезбеди потребната медицинска помош (види, Кудла против Полска, цитиран горе, § 94). Кога се проценуваат условите, мора да се земат во предвид кумулативните ефекти на тие услови и времетраењето на притворот (види Dougoz v. Greece, no. 40907/98, § 46, ECHR 2001-II и Kalashnikov v. Russia, no. 47095/99, § 102, ECHR 2002-VI).
2. Примена на горенаведените принципи во актуелниот случај
41. Жалителот се жалеше на условите во кои бил притворен меѓу 23 февруари 2003 г. и 1 април 2003 г. во центарот за притвор на Кишињев на Министерството за внатрешни работи. Наодите на КСТ, особено во нивните извештаи од 1998 и 2001 година (види во параграфите 31 и 32 горе), обезбедуваат барем до некој степен веродостојна основа за проценка на условите во кои бил затворен (види, друг пример во кој Судот ги зел во предвид извештаите на КСТ, Kehayov v. Bulgaria, no. 41035/98, § 66, 18 January 2005). Иако Судот не ги занемарува некои од подобрувањата коишто можеби се случиле, тој забележува дека Владата нема покажано дека значителни подобрувања се имаат случено. Исто така немаат упатено на никаков пораст во јавното финансирање на затворскиот систем или промени во затворската политика.
42. Од изјаснувањата и на жалителот и на Владата се чини дека притворениците не добивале доволно храна. Ова е исто така доследно и со наодите на КСТ (види во параграфот 32 горе).
43. Судот утврдува дека изјаснувањата на Владата во однос на прашањето на вежбањето надвор се во одредена мерка недоследни. Во своите забелешки од септември 2002 г. за друг случај во врска со условите на притворот во истиот затвор (Duca v. Moldova, 1579/02) но во друго време, Владата признала дека заради недостаток на простор, затворениците немале можност за вежбање надвор. Во нивните забелешки од септември 2004 г. во овој случај, Владата не ги отфрлила тврдењата на жалителот за тоа дека не вежба надвор. Меѓутоа, во нивните конечни забелешки од јуни 2005 г. тие се изјаснија дека жалителот вежбал надвор по еден час на ден, во дел од денот што му одговарал (види во параграф 20 горе). Ова беше негирано од жалителот.
44. Земајќи ги во предвид гореспоменатите недоследности и наодите на КСТ (види во параграф горе) Судот заклучува дека жалителот не вежбал надвор бидејќи немало услови за такво нешто.
45. Исто така треба да се забележи дека Владата не го оспорила присуството на метални капаци на прозорецот на ќелијата, кои спречувале влез на природна светлина. Ова е исто така доследно и со наодите на КСТ (види во параграфот 31 горе).
46. Ниту пак Владата го оспорила фактот дека електричното осветлување во ќелијата било вклучено цело време и дека притворениците биле присилени да спијат на дрвени платформи и не им биле дадени никаква постелнина или душек.
47. Со оглед на суровите услови во ќелијата, недостатокот на вежбање надвор, несоодветната исхрана и фактот дека жалителот бил притворен во овие услови триесет и седум дена, Судот смета дека маката што ја претрпел отишла подалеку од неизбежното ниво нераздвојно од притворот и достигнало праг на сериозност спротивна на членот 3 од Конвенцијата.
48. Судот затоа смета дека условите од притворот на жалителот достигнале повреда на членот 3 од Конвенцијата.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
49. Жалителот понатаму се жалеше дека неговиот притвор не се засновал на „релевантни и доволни“ причини. Тој особено упатувал на одлуки на домашните судови од 24 февруари 2003 г., 4 март 2003 г., 18 март 2003 г. и 21 март 2003 г.
50. Релевантниот дел од член 5 § 3 вели:
„Секое лице уапсено или притворено според одредбите на став 1(в) од овој член има ... право на судење во разумен рок или да биде пуштено на слобода додека го чека судењето. Пуштањето може да се услови со давање гаранција дека тоа лице ќе се појави на судењето.“
А. Изјаснувањата на странките
51. Жалителот се изјасни дека причините на кои се повикуваше Владата се разликувале од оние дадени од домашните судови во нивните пресуди и затоа треба да се отфрлат. Судовите не дале никакви причини во поткрепа на нивното верување дека тој може да избега или дека може да влијае на другите учесници во постапките. Единствениот образложен аргумент на кој се повикувале судовите бил дека бил осомничен за сериозно кривично дело. Меѓутоа оваа причина не била доволна за да се оправда неговиот притвор.
52. Владата тврдеше дека, спротивно на тврдењето на жалителот, постапките против него чекале од 6 јануари 2003 г., а не 2001 г. Тие се изјасниле дека притворот на жалителот бил неопходен бидејќи бил осомничен за сериозно дело; фактите поврзани со делото не биле целосно јасни и се покажале како многу сложени; жалителот бил осомничен дека играл многу важна улога и последователно неговото можно бегство сериозно загрижувало; постоела можност дека жалителот поседува големи суми на пари во странство што ќе му овозможело да избега; ризикот од бегство не бил намален од неговите семејни врски во Кишињев. Било возможно дека имало причини во корист на неговиот притвор на кои изречно не се повикале судовите во нивните пресуди за да не се прејудицира истрагата.
Б. Оценка на Судот
1. Општи принципи
53. Лице обвинето за кривично дело мора секогаш да биде ослободено во исчекување на судењето освен ако државата може да покаже дека постојат „релевантни и доволни“ причини за оправдување на неговиот континуиран притвор (Yağcı and Sargın v. Turkey, judgment of 8 June 1995, Series A no. 319‑A, § 52).
54. Членот 5 § 3 од Конвенцијата не може да се смета дека одобрува безусловен притвор пред судењето под услов истиот да не е подолг од одреден временски период. Оправдувањето за секаков период на притвор, без разлика колку е краток, мора да биде убедливо демонстрирано од страна на властите (Belchev v. Bulgaria, no. 39270/98, § 82, 8 April 2004).
55. Другата функција на разумна одлука е да им се демонстрира на странките дека биле слушати. Исто така, образложена одлука и дава на странката можност да ја обжали, како и можност одлуката да биде ревидирана од страна на апелационо тело. Само со давање на образложена одлука може да постои јавен надзор врз делењето на правдата (Suominen v. Finland, no. 37801/97, § 37, 1 July 2003).
56. Аргументите за и против ослободувањето не смеат да бидат „општи и апстрактни“ (види Clooth v. Belgium, judgment of 12 December 1991, Series A no. 225, § 44).
57. Прецедентното право на Конвенцијата има развиено четири основни прифатливи причини за притворање на лице пред да се донесе пресуда, кога лицето е осомничено дека сторило кривично дело: ризикот дека обвинетиот немало да се појави на судење (види Stögmüller v. Austria, judgment of 10 November 1969, Series A no. 9, § 15); ризикот дека обвинетиот, доколку биде ослободен, би презел активности кои ќе му наштетат на делењето на правда (види Вемхоф, цитиран горе, § 14) или ќе стори други кривични дела (види Matznetter v. Austria, judgment of 10 November 1969, Series A no. 10, § 9) или ќе предизвикаат јавен неред (види Letellier v. France, judgment of 26 June 1991, Series A no. 207, § 51).
58. Опасноста обвинетиот да избега не може да се оцени исклучиво врз основа на тежината на казнената мерка која би можеле да ја добие. Мора да се процени со упатување на бројот на други релевантни фактори кои можат или да го потврдат постоењето на опасност од бегство или да го направат да изгледа толку мало што не може да се оправда притворот додека се чека на судењето (Јагчи и Саргин против Турција, цитиран горе, § 52). Ризикот од бегство мора да се процени во контекст на факторите поврзани со карактерот на лицето, неговиот морал, дом, занимање, имот, семејни врски и сите видови на врски со земјата во која тој е обвинет. Очекувањето на тешки казни и тежината на доказите можат да се релевантни но не се како такви одлучувачки и можноста да се добијат гаранции може ќе треба да се употреби за да се неутрализира ризикот (Neumeister v. Austria, judgment of 27 June 1968, Series A no. 8, § 10).
59. Не може in abstracto да се потпираме на опасноста обвинетиот да го попречи соодветното спроведување на постапката, мора да биде поддржано од фактички докази (Trzaska v. Poland, no. 25792/94, § 65, 11 July 2000).
2. Примена на горенаведените принципи во актуелниот случај
60. Судот забележува дека во овој случај судските власти се потпирале на сериозната природа на кривичното дело за кое е обвинет жалителот, ризикот тој да избега и потребата да се обезбеди соодветно спроведување на постапката. Тие ги потврдија тие основи во сите нивни одлуки на кои се жалеше жалителот.
61. Се забележува дека жалителот го оспорил основот за неговиот притвор пред молдавските судови. Тој упатил на фактот дека на постапката се чекало од 2001 г. и дека никогаш не ја попречил на никаков начин истрагата. Тој патувал во странство во повеќе прилики од отворањето на постапката против него и секогаш се враќал, а неговото однесување во однос на истрагата секогаш се сметало за беспрекорно. Тој имал семејство, а многу реномирани личности, вклучително и лидерот на парламентарната опозициска партија и Општинскиот совет на Кишињев, биле подготвени да понудат гаранции за да се обезбеди ослободување во согласност со одредбите од Законот за кривична постапка. Жалителот исто така бил спремен да го предаде својот пасош како обезбедување дека нема да ја напушти земјата.
62. Домашните судови воопшто не ги разгледале ниеден од овие аргументи, очигледно третирајќи ги за нерелевантни за прашањето на законитоста на притворот на жалителот. Ниту пак судовите ги забележале аргументите презентирани од жалителот и се ограничиле на повторување во своите одлуки, на апстрактен и стереотипен начин, на основите за притворот обезбеден од законот без никаков обид да покажат како тие можеле да се применат за случајот на жалителот. Понатаму, тие не ги процениле факторите, како што се добриот карактер на жалителот, тоа дека не бил кривично осудуван, семејните врски и врските (дом, занимање, имот) со неговата земја. Конечно не ги зеле во предвид гаранциите понудени од трети лица во корист на жалителот.
63. Во своите забелешки од септември 2004 г. Владата направила обид да ја оправда потребата од притвор на жалителот преку повикување на нови причини на кои не се потпирале домашните судови (види во параграфот 52 горе). Судот повторува дека не е негова задача да го заземе местото на националните власти кои одлучувале за притворот на жалителот. Тие се тие што треба да ги разгледаат сите факти кои одат во прилог или против притворот и да ги опфатат во своите одлуки. Соодветно на тоа новите причини на Владата, кои биле за првпат покренати во постапката пред Судот, не можат да се земат во предвид од Судот (Nikolov v. Bulgaria, no. 38884/97, § 74 et seq., 30 January 2003).
64. Во контекст на горенаведеното, Судот смета дека причините на кои се потпирал Окружниот суд Центар и Регионалниот суд на Кишињев во нивните одлуки во врска со притворот на жалителот и неговото продолжување, не биле „релевантни и доволни“ и дека соодветно на тоа, имало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 4 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
65. Жалителот првично се жалеше согласно членот 6 § 3 дека Регионалниот суд на Кишињев одбил да го сослуша неговиот поранешен истражител како сведок. Судот сметаше дека било посоодветно да се испита оваа жалба согласно членот 5 § 4 која го уредува следново:
„Секое лице лишено од слобода со апсење или притворање има право да иницира постапка со која за кус рок судот ќе одлучи за законитоста на неговиот притвор и ако тоа не било законско, ќе нареди негово ослободување.“
А. Изјаснувањата на странките
66. Жалителот се изјасни дека сведочењето на Ц.Б. било неопходно за да се спротивстави на аргументите на обвинителот за неговиот притвор. Сведочењето немало за цел на никаков начин да влијае на испитувањето на основаноста на случајот и било релевантно исклучиво за постапките поврзани со притворот на жалителот. Покрај тоа доколку Регионалниот суд на Кишињев сметал дека сведочењето на Ц.Б. било релевантно само за основаноста на случајот, тоа ќе било кажано во неговата пресуда. Меѓутоа, одбивањето не било проследено со образложение.
67. Владата се изјасни дека испитувањето на неопходноста од примена на мерката притвор не вклучува испитување на основаноста на кривичниот случај и на доказите кои се однесуваат на основаноста на случајот. Жалителот имал можност на побара сослушување на секаков сведок за време на постапката за основаноста на случајот, а не за време на оние поврзани со неговиот притвор. Соодветно на тоа одбивањето да се сослуша Ц.Б. како сведок е сосема законско. Исто така во согласност со членот 73 од Законот за кривична постапка судовите мораат да ја испитаат тежината, in abstracto, на инкриминирачките факти, личноста на обвинетиот, неговото или нејзиното занимање, возраста, здравствената состојба, семејниот статус и други околности, но никогаш изјави дадени од сведоци и други докази.
Б. Оценка на Судот
1. Општи принципи
68. Членот 5 § 4 не гарантира никакво право, како такво, за обжалување на одлуки со кои се наложува или продолжува притвор со оглед дека горенаведената одредба зборува за „постапки“, а не за „жалба“. Интервенцијата на еден орган го задоволува членот 5 § 4 под услов постапката која следела да има судски карактер и на засегнатото лице да му даде гаранции кои се соодветни на видот на лишување од слобода што е во прашање (Jecius v. Lithuania, no. 34578/97, § 100, ECHR 2000-IX). Сепак, една држава која воспоставува второ ниво на јуриздикција за испитување на барањата за ослободување од притвор мора во принцип да му ги даде на притвореникот истите гаранции за жалба како и во прв степен (Toth v. Austria judgment of 12 December 1991, Series A no. 224, p. 23, § 84).
69. Членот 5 § 4 не гарантира право на судско разгледување од таков опсег за да му даде на судот овластување, во однос на сите аспекти на случајот вклучувајќи и прашања на чиста целисходност, да ја замени сопствената дискреција за онаа на телото што одлучува. Меѓутоа разгледувањето треба да е доволно широко за да ги исполни условите кои се суштински за „законски“ притвор на лице според членот 5 § 1 (види Chahal v. the United Kingdom, judgment of 15 November 1996, Reports 1996‑V, § 127).
70. Во случај на притвор членот 5 § 1 (в) вели дека притворот пред судење може да се оправда само кога постои разумен сомнеж дека обвинетото лице сторило кривично дело. Присуството на разумен сомнеж е услов sine qua non за законитоста на континуираниот притвор (Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, §§ 152‑53, ECHR 2000‑IV). Надлежниот суд на тој начин мора да го испита не само придржувањето на процедуралните барања поставени во домашното право туку исто така разумноста на сомнежот на кој се заснова апсењето и легитимноста на намерата позади апсењето и последователниот притвор (види Schöps v. Germany, no. 25116/94, § 44, ECHR 2001‑I).
71. Според судската пракса на Судот, од формулацијата на членот 6 - и особено од автономното значење што треба да му се даде на поимот „кривично обвинение“ – следи дека оваа одредба има одредена примена во постапките пред судењето (види Imbrioscia v. Switzerland, judgment of 24 November 1993, Series A no. 275, § 36). Оттука следи дека со оглед на драматичното влијание на лишувањето од слобода врз основните права на засегнатото лице, постапките спроведени согласно членот 5 § 4 од Конвенцијата начелно исто така треба да ги исполнат, во колку што е можно поширок размер во околности на тековна истрага, основните барања за правично судење (види Шопс против Германија, цитиран горе, идем). Така еден суд кој разгледува жалба против притвор мора да обезбеди гаранции за судската постапка. Постапката мора да биде акузаторна и секогаш мора да обезбеди „еднаквост на оружјето“ меѓу странките, обвинителот и притвореното лице (види Nikolova v. Bulgaria [GC], no. 31195/96, § 58, ECHR 1999‑II).
72. Во случајот на лице чиј притвор потпаѓа во рамките на границите на членот 5 § 1 (в), потребна е расправа (види Assenov and Others v. Bulgaria, judgment of 28 October 1998, Reports 1998‑VIII, § 162). Исто така кога постојат докази коишто prima facie се чини дека имаат материјална врска со прашањето на продолжување на законитоста на притворот, неопходно е заради придржување на членот 5 § 4 домашните судови да го испитаат и проценат (види mutatis mutandis, Чахал против Обединетото Кралство, цитиран горе, §§ 130-131 и Hussain v. the United Kingdom, judgment of 21 February 1996, Reports 1996‑I, § 60).
2. Примена на горенаведените принципи во актуелниот случај
73. Судот смета дека процедуралната заштита предвидена во членот 5 § 4 се однесува на постапките кои се предмет на оваа жалба (види во параграф 68 горе).
74. Судот понатаму забележува, а Владата не оспори, дека полковникот Ц.Б. работел како член на полициска група која го истражувала случајот на жалителот, и кој дал многу сериозни обвинувања за весник во насока дека обвиненијата против жалителот биле неосновани и потекнувале од политичка корупција. Исто така е неспорно дека Регионалниот суд на Кишињев одбил да го сослуша Ц.Б. во својата постапка за притворот против жалителот без да даде некакви причини.
75. Иако националните судови се тие кои први треба да ја проценат допуштеноста, релевантноста и товарот на доказите во еден спор, Судот смета дека изјавата на полковникот Ц.Б. покренува прашања, не само во врска со вистинитоста на обвиненијата против жалителот, туку исто така и во врска со неговото однесување за време на истрагата, што е prima facie релевантно за прашањето дали постоел разумен сомнеж и дали жалителот сторил кривично дело и дали имало потреба да биде притворен. Во однос на ова се нагласува дека полковникот Ц.Б. не бил само обичен сведок во случајот, туку сведок чие сведочење имало потенцијал да ја поткопа целата правна основа на апсењето и притворот на жалителот. Како поранешен член на истражниот тим, тврдењата на полковникот не можеле едноставно да се отфрлат како невистинити и нематеријални.
76. Во контекст на гореспоменатото и со оглед на времетраењето на притворот со кој бил соочен жалителот (тој бил ослободен од притвор после повеќе од три и пол месеци), Судот смета дека преку одбивање, без да даде никакво објаснување, да го сослуша Ц.Б. како сведок на расправата од 25 април 2003 г., Регионалниот суд на Кишињев ги прекршил правата на жалителот гарантирани со членот 5 § 4 од Конвенцијата.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
77. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
А. Материјална штета
78. Жалителот побаруваше 2.510 евра за материјална штета претрпена како резултат на неговиот незаконски притвор. Тој тврдеше дека овој износ претставува нето плата која тој не можел да ја заработи заради неговиот незаконски притвор меѓу 24 февруари и 7 август 2003 г. и поднел потврда од својот работодавец, потврдувајќи ги своите изјави.
79. Владата тврдеше дека жалителот немал право на никаков надоместок за материјална штета со оглед на фактот дека неговиот кривичен случај сè уште чекал пред домашните судови. Тие се изјаснија дека доколку жалителот конечно бил ослободен, тогаш тој би можел да бара надоместок на национално ниво.
80. Судот потсетува дека правилото на исцрпување на домашните правни лекови предвидени од членот 35 § 1 од Конвенцијата не се применува во однос на барања за правичен надоместок поднесени согласно членот 41 од Конвенцијата (De Wilde, Ooms and Versyp v. Belgium (Article 50), judgment of 10 March 1972, Series A no. 14, §§ 15 and 16).
81. Судот смета дека постои сигурна причинско-последична врска меѓу повредата на членовите 5 § 3 и 5 § 4 од Конвенцијата и износот кој жалителот го барал за надоместување на неговата загуба на заработувачка (види Ceský v. the Czech Republic, no. 33644/96, § 91, 6 June 2000; Nikolova v. Bulgaria (no. 2), no. 40896/98, § 94, 30 September 2004). Одлучувајќи на правична основа на жалителот му се доделуваат 1.000 евра.
Б. Нематеријална штета
82. Жалителот барал 17.000 евра за нематеријална штета, од кои 5.000 евра за повреда на неговото право да не биде притворен во нечовечни и понижувачки услови, 10.000 евра за неразумен притвор и 2.000 евра за одбивањето Ц.Б. да биде сослушан како сведок за време на постапките за неговиот притвор.
83. Жалителот се изјаснил дека повредата на неговите права од Конвенцијата му предизвикале чувства на фрустрација, несигурност и нервоза кои не можеле да бидат надоместени чисто со наод на повреда.
84. Владата не се согласуваше со износот што го бараше жалителот и тврдеше дека бил претеран. Упатувајќи на барањето на жалителот во однос на повредата на членот 3 од Конвенцијата, Владата го повтори својот став за основаноста и тврдеше дека условите на притворот на жалителот не достигнале нечовечко и понижувачко постапување. Што се однесува до барањата на жалителот во однос на повредата на членот 5 §§ 3 и 4, Владата тврдеше дека едноставен наод на повреда би претставувал доволен правичен надоместок.
85. Судот смета дека жалителот мора да претрпел одредено количество на стрес и нервоза како резултат на повредата на неговото право на слобода и безбедност согласно членот 5 § 3 и 5 § 4 од Конвенцијата, уште повеќе што случајот бил од висок профил и бил во фокусот на јавноста и медиумите. Неговото страдање мора да било значително интензивирано од лошите услови во центарот за притвор каде што бил притворен.
Одлучувајќи на правична основа, тој на жалителот му доделува износ од 4.000 евра за нематеријална штета.
В. Трошоци и издатоци
86. Жалителот исто така побаруваше 2.165 евра за трошоци и издатоци направени пред Судот. Во поткрепа на своето побарување жалителот на Судот му го испратил својот договор со неговиот адвокат и копија од контролната листа со бројот на работни часови што секој од неговите адвокати ги потрошиле на неговиот случај и тарифа од 60-65 евра на час.
87. Владата не се согласи со износот што се бараше, изјавувајќи дека бил претеран. Според нив, износот баран од жалителот бил превисок со оглед на просечната месечна плата во Молдавија. Владата исто така го оспори бројот на часови потрошени од претставниците на жалителот во спорот и изјави дека бидејќи тие биле членови на организацијата „Адвокати за човекови права“, тие требале да работат бесплатно.
88. Судот потсетува дека за да бидат вклучени трошоци и издатоци во износот што се доделува во согласност со член 41 од Конвенцијата мора да се утврди дека истите настанале и дека биле неопходни и дека биле разумни во однос на квантитетот (види на пример во случајот Amihalachioaie v. Moldova, no. 60115/00, § 47, ECHR 2004‑...).
89. Во овој случај земајќи ја во предвид листата по ставки која била поднесена од жалителот, гореспоменатите критериуми и сложеноста на случајот, Судот на жалителот му доделува 1.200 евра.
Г. Казнена камата
90. Судот смета дека е соодветно казнената камата да се заснова на маргиналната стапка на позајмување на Европската Централна Банка на што треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучи едногласно дека имало повреда на членот 3 од Конвенцијата;
2. Одлучи едногласно дека имало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата;
3. Одлучи со шест гласа наспроти 1 дека имало повреда на членот 5 § 4 од Конвенцијата;
4. Одлучи едногласно
(а) дека тужената држава треба да му плати на жалителот во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане правосилна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата 1.000 евра (илјада евра) за материјална штета; 4.000 евра (четири илјади евра) за нематеријална штета, и 1.200 евра (илјада и двесте евра) по основ на трошоци и издатоци, конвертирани во националната валута на тужената држава според курсот што ќе важи на датумот на исплатата, плус секаков данок што можеби се наплаќа.
(б) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата ќе се плаќа проста камата на гореспоменатите износи по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка во текот на казнениот период плус три процентни поени;
5. Едногласно ги отфрла останатите побарувања на жалителот за правичен надоместок.
Изготвена на англиски јазик, и објавена на писмено на 4 октомври 2005 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Мајкл О’БојлНиколас Браца
Секретар Претседател
Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, мислењето на делумно несогласување на г-динот Павловски е приложено на оваа пресуда.
Н.Б.
М.О’Б
Издвоените мислења не се преведени но можат да се најдат на англиски и/или француски јазик во верзијата (верзиите) на официјалниот јазик кои можат да се консултираат во ХУДОЦ базата на податоци за судската пракса на Судот.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy