ТРЕТА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈ БЕНИТЕЗ МОРИЈАНА И ИЊИГО ФЕРНАНДЕЗ против ШПАНИЈА
(Апликации бр. 36537/15 и 36539/15)
ПРЕСУДА
9 март 2021
Оваа пресуда ќе стане конечна според околностите предвидени во Член 44 став 2 од Конвенцијата. Може да подлежи на уредувачка ревизија.
Во случајот Бенитез Моријана и Ињиго Фернандез против Шпанија,
Европскиот суд за човекови права (Трета секција), заседавајќи како Судски совет составен од:
Пол Леменс, Претседател,
Ѓорѓос А. Сергидес
Жорж Раварани,
Мариа Елосеги,
Дариан Павли,
Ања Сејберт-Фор,
Петер Росма, судии,
и Олга Чернишнова, Заменик секретар на Секција,
Земајќи ги предвид:
апликациите (бр. 36537/15 и 36539/15) против Кралството Шпанија поднесени на Судот според Членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на двајца шпански државјани, г-дин Серхио Бенитез Моријана и г-дин Иво Арагон Ињиго Фернандез („апликантите“), на 16 јули 2015;
одлуката да се извести шпанската Влада („Владата“) за апликациите;
согледувањата на двете страни;
По заседавањето зад затворени врати на 8 декември 2020 и 2 февруари 2021,
Ја донесе следнава пресуда, која била усвоена на последноспоменатиот датум:
ВОВЕД
Случајот се занимава со наводната повреда на правото на слобода на изразување на апликантите поради нивната кривична осуда за објавувањето на отворено писмо во локален весник со поплаки за однесувањето на судија во постапка која ги засегала.
ФАКТИТЕ
Апликантите се родени во 1977 односно 1976 и живееат во Хака (Хуеска) и Мадрид. Нив ги застапувала г-ѓа Аранда Иглесијас, адвокат кој работи во Мадрид. Владата ја застапувала нејзиниот Агент, г-дин Рафаел-Андрес Леон Каверо, Државен правобранител. Фактите на случајот, според поднесоците на страните, можат да се сумираат на следниов начин. Апликантите се членови на управниот одбор на Граѓанската платформа за природен Агилар, непрофитна организација основана на 19 април 2008 со цел да промовира одржлив економски развој, користење на природни ресурси во рамки на границите на нивното обновување, и осигурање на заштитата на пејзажите и природната средина на селото Агилар дел Алфамбра (Теруел).
I. ПОЗАДИНА НА СЛУЧАЈОТ (ПОСТАПКА ВО ВРСКА СО ОВЛАСТУВАЊЕ ЗА ИЗВЕДУВАЊЕ НА РУДАРСКИ РАБОТИ)
На 14 август 2007 АД Вотс Блејк Бернер Еспања (ВББ), носител на договор за рударство, аплицирале за еколошка дозвола за класифицирана дејност во општинскиот совет на Агилар дел Алфамбра. Барањето на ВББ за еколошка дозвола било почетно проценето позитивно од страна на фирма за архитектонско консултантство но потоа било одново испитано. Била побарана втора техничка анализа, која била спроведена на 31 март 2008 од страна на архитект, г-дин И.З. Според декрет од 25 јуни 2008, општинскиот совет ја прогласил постапката за барање на административната дозвола за поништена и неважечка до таа точка, бидејќи класифицираната дејност за која била побарана дозволата барала анализа за проценка на еколошкото влијание, а не обична административна дозвола. На 24 септември 2008 ВББ поднеле судска административна жалба против декретот пред административниот судија бр. 1 на Теруел. Со оглед на гореспоменатите спротивставени проценки, судијата побарал независен експерт, чие име било извлечено од листа на петмина рударски инженери поднесена од Официјалното здружение на рударски инженери. Експертот бил назначен од судијата во присуство на двете страни, и немало поднесен приговор. Општинскиот совет го оспорил извештајот изработен од назначениот експерт, г-дин М.А., инженер. Компанијата ВББ изразила сомнеж за непристрасноста на извештајот на г-дин И.З. и за неговиот професионален капацитет. Во пресудата од 25 ноември 2009, судијата одлучил дека жалбата е допуштива и го прогласил декретот од 25 јуни 2008 за поништен и неважечки. Таа одлука се засновала на заклучоците изнесени од експертот М.А. кој судијата го назначил, Судијата решил да ги следи заклучоците од извештајот поднесен од М.А. поради неговата јасност, прецизност и јачина на објаснувањето, непристрасноста на неговиот автор кој бил назначен во текот на судската постапка и поради тоа што г-дин И.З. бил татко на вториот апликант пред Судот. На 18 декември 2009 општинскиот совет поднел жалба пред Административниот совет на Вишиот суд на Арагон. На 30 ноември 2012 Вишиот суд ја отфрлил жалбата, потпирајќи се на истите причини наведени од првостепениот судија, имено околу недостатокот на инженерска квалификација на И.З. и недостатокот на непристрасност од негова страна поради семејната врска со еден од членовите на Граѓанската платформа за природен Агилар.
II. КРИВИЧНАТА ПОСТАПКА ПОКРЕНАТА ПРОТИВ АПЛИКАНТИТЕ
На 11 март 2010, додека се чекало одобрување на жалбата против првата пресуда, апликантите објавиле отворено писмо до првостепениот судија во рубриката „Писма до уредникот“ на локалниот весник, Диарио де Теруел. Писмото гласело:
„ОТВОРЕНО ПИСМО ДО Г-ЃА [М.М.], АДМИНИСТРАТИВЕН СУДИЈА НА ТЕРУЕЛ
Г-ѓа [М.М.],
Со пресудата бр. изречена од вашиот суд во тужбата помеѓу [ВББ] и општинскиот совет на Агилар дел Амфабра, на која се приклонуваме иако во ниедна мера не е фер, ја прикажавте вашата пристрасност и недостаток на способност.
Пресудата покажува дека воопшто не сте биле заинтересирана за техничките прашања за кои се работи. Сте заклучиле, без конкретна причина, дека експертот одговорен за проценка на проектот бил независен и непристрасен, игнорирајќи ги неговите технички и методолошки недостатоци. Не сте размислиле дали може да има нешто сомнително во експертското мислење на некој што нема стапнато во Агилар и користел исклучиво материјали и документи обезбедени од [ВББ].
Од друга страна, против [ВББ] не ги користите истите аргументи искористени за дискредитирање на општинскиот совеет, и покрај нивната сличност. Првата основа на вашата пресуда се состои од дискредитирање на извештајот претставен од општинскот совет, [кој беше] изработен од архитект и адвокат за урбано планирање, бидејќи тие не се рударски инженери. Сепак, сте го одобриле извештајот на градежен инженер чија [професионална] позадина е непозната, кој ја нема прочитано планската легислатива на Агилар и кој нема компетенција да дава став за прашања околу планирањето ..., но кој се согласува со ВББ. Понатаму, го дискредитирате извештајот [на г-дин И.З.] поради [неговите] семејни врски со ... портпаролот на оваа платформа. Неприфатливо е да го криете фактот дека создавањето на оваа платформа и изборот на нејзините раководители се случиле долго по изработката на извештајот.
Неприфатливо е без прашање да ги прифатите аргументите на сведокот, [г-дин Л.Х.], кој го признал неговото пријателство со претседателот на [ВББ] и кој лажел, презирно, на сослушувањето. Имате документарни докази за ова.
Но вашата жалосна работа не завршува таму. Вие сте несвесна за релевантната судска практика, и што е пострашно, безобразно си ги исправте рацете од збиднувањето, иако имавте документарен доказ кој му противречи на експертското мислење, но не сторивте ништо. И не бевте нималку вознемирена кога вашиот експерт не одговори на прашање кое му го поставивте.
Како судија, госпоѓо, вие ја претставувате моќта на Државата. Вашите одлуки ги одредуваат животите на луѓето, или, во овој случај, животот на цело село кое присуствуваше на сослушувањето (сигурно никогаш не сте ја виделе просторијата толку полна). Луѓе кои со нетрпение ја исчекуваа вашата пресуда, и [кои] заслужуваа строгост и сериозност. Но вие немавте желба да отстапите ни сантиметар во врска со техничките прашања, ги игнориравте. И [тоа] дава впечаток дека прво сте пресудиле, па потоа сте смислувале причини, под формален изговор на несигурно експертско мислење. Г-ѓо [М.М.], вие имате авторитет, но не ја претставувате правдата.“
Втор текст напишан од апликантите како одговор на писмо до уредникот во врска со нивното писмо бил објавен неколку дена подоцна во истиот весник, во кој објаснуваат дека тие не се страни во постапката пред административниот судија бр. 1 на Теруел, и дека тие ја критикувале, на аргументиран и добро основан начин, пресудата која го засегала општиот интерес, на основа на факти поддржани од документи, освен деловите од нивниот текст кои содржеле мислења. Тие изјавиле дека дејствувале во рамките на нивното право на слобода на изразување. Кривичната постапка против апликантите била покрената од страна на јавниот обвинител по негова сопствена иницијатива. Во пресудата од 10 јули 2012, кривичниот судија бр. 1 на Теруел ги прогласил апликантите за виновни за значителна навреда извршена јавно. Осудата вклучувала дневна казна од 8 евра (EUR) за период од десет месеци, со алтернативна казна на лишување од слобода, чиј модалитет гласел: неплаќање на казната за два дена, односно, EUR 16, би резултирала со еднодневно лишување од слобода. На апликантите им било наредено пресудата да се објави во истиот весник кој ги објавил нивните коментари, на нивен трошок. Вкупниот износ на казната бил EUR 2.400 за секој од апликантите, а трошокот за објавување бил EUR 2.758,80. Тие исто така морале да исплатат надомест за предизвикана нематеријална штета на административниот судија, во износ од EUR 3.000 поединечно. Пресудата изјавува:
„Во случај од ваков тип, каде што критиката е насочена кон конкретен судија, [спроведувањето на] рамнотежата треба да се изврши со одредување дали забелешките објавени во весникот биле ограничени на критика на пресудата или, напротив, далеку ја пречекориле оваа граница, формулирајќи идеи и забелешки директно насочени [лично] кон судијата кој ја изработи[л] истата, дали само по лична основа [или] на [основа на] нејзиното професионално однесување.
...
Некои од напишаните забелешки, како [оние во врска со] непознавањето на судската практика [на судијата] или одбивањето да се разгледаат технички прашања, може да се смета дека се во рамки на границата на нормална критика доколку ги земеме самостојно, но [гледани] заедно со другите [забелешки] чија основа не е објаснета ... [тие] стануваат личен напад против лицето кое професионално ја вршело [нејзината] правосудна функција, претворајќи ја статијата во лично оцрнување на судијата, [и] припишувајќи ѝ недостаток на способност, [недостаток] на познавање на судската практика и професионалната пракса, и дури став спротивен на правосудната пракса, со спомнување на нејзината „пристрасност“.“
Апликантите поднеле жалба. Во пресудата изречена на 29 јануари 2013, Провинцискиот суд (Audiencia Provincial) на Теруел ја поддржал пресудата против која била поднесена жалбата, давајќи го следново образложение:
„... обвинението ... и осудата [на апликантите биле] основани не на фактот дека тие ја обвиниле [судијата] за извршување конкретни дела, како засновање на нејзината пресуда на експертски извештај за кој [апликантите] сметале дека е безобразно пристрасен - што може да се смета за огорчена но легитимна критика на нападнатата одлука - туку [биле основани] на вредносни судови [направени] за [таа судија], која [била] опишана како неправична, неука и пристрасна. [Овие вредносни судови отишле] далеку вон легитимното право на критика и несогласување со правна одлука, и влијае[ле] на сржта на човечкото достоинство ...
... во остварувањето на слободата на изразување и правото на критика, Уставот не ја забранува употребата на повредливи, иритантни или остри забелешки. Сепак, уставната заштита според Член 20 став 1 (а) од Уставот ги исклучува забелешките [кои се] апсолутно вознемирувачки; имено, оние забелешки кои, според конкретните околности на случајот, и без оглед на [нивната] вистинитост или невистинитост, се навредливи, посрамотувачки или дрски, неповрзани со застапуваните идеи или мислења, и според тоа се непотребни за таква цел и несоодветни за изразување на мислењата или информациите во прашање... Како што разумно аргументира[л] кривичниот судија во оспорената пресуда, легитимното право на критикување на одлуката на административниот судија може да ги заштити некои од забелешките изразени во тоа писмо, [како] на пример [оние поврзани со] недостатокот на интерес [на судијата] во врска со техничките прашања во случајот, нејзиниот заклучок дека експертот бил независен, или дури нејзината несвесност за релевантната судска практика. Но [легитимното право на критика на одлуката на административниот судија] не може да ги заштити некои од другите забелешки кои на судијата ѝ припишуваат неукост, пристрасност или неправично однесување, кое директно ја засега[ло] сржта на човечкото достоинство на жртвата...“
Апликантите поднеле amparo жалба на Уставниот суд, наведувајќи повреда на нивното право на слобода на изразување. На 6 февруари 2015 јавниот обвинител интервенирал во постапката пред Уставниот суд во поддршка на аргументите на апликантите, и побарал судот да заклучи дека постоела повреда на нивното право на слобода на изразување и да ги прогласи за поништени и неважечки оспорените пресуди од 10 јули 2012 на кривичниот судија бр. 1 на Теруел и од 29 јануари 2013 на Провинцискиот суд на Теруел. Со пресуда од 13 април 2015, Уставниот суд ја отфрлил amparo жалбата. Судот се повикал на границите на правото на слобода на изразување:
„... дури и кога правниот систем не го спречува, без доволна причина, најширокото циркулирање и ширење на идеи и мислења, изразување[то] [на таквите идеи и мислења] секогаш подразбира одредени должности и одговорности, како што подразбира остварувањето на било која граѓанска слобода, како што редовно повторува Судот на Стразбур во оваа област (види, меѓу други авторитети, Халдиман и други против Швајцарија, бр. 21830/09, став 46, ЕСЧП 2015). Во врска со разгледуваниот случај, во рамки на овие граници, се чини потребно да се почитува туѓата чест (Член 20 став 4 од Уставот), уставна придобивка која, додатно, има карактеристика на основно право сама по себе (Член 18 став 1 од Уставот) ... “
Уставниот суд забележал дека Уставот исто така го заштитува и професионалниот живот, и изјавил:
„Обична критика на професионалната стручност во извршувањето на некоја дејност не треба, само по себе, да се меша со напад врз честа; но Членот 18 став 1 од шпанскиот Устав ги заштитува [граѓаните] од критика која, иако е формално насочена кон професионалната дејност на поединецот, всушност претставува лично омаловажување кое директно влијае врз индивидуалното достоинство [на лицето], со посебна важност прикачена на оние [навредливи забелешки] кои фрлаат сомнеж [врз жртвата] или покажуваат презир за [неговата] веродостојност или етика во извршувањето на таа дејност. Очигледно ова ќе зависи од околностите на случајот, од тоа кој [бил навреден], [и од] како, кога и на кој начин бил доведен во прашање професионалниот статус на навреденото лице.“
Уставниот суд забележал дека правото на слобода на изразување не опфаќа право да се расфрлаат навреди. Тој посочил дека Уставот не го забранува користењето на навредливи забелешки во сите околности. Сепак, слободата на изразување не ги заштитува вознемирувачките забелешки кои, без разлика на нивната веродостојност, биле навредливи и понижувачки и не биле соодветни за целта на пренесувањето на мислењата или информацијата во прашање. Уставниот суд изјавил:
„... забелешки кои би можеле ... да наштетат на честа на другите, поради нивната навредлива и дрска природа, може да се сметаат за легитимни, каде што е соодветно, ако, според контекстот, тие биле потребни или соодветни за поддржување на засегнатиот дискурс, бидејќи ... доколку ... такви забелешки кои можат да наштетат на честа биле направени независно, [во отсуство] на [било каква] поврзаност со дискурсот на кој се однесуваат, или ... без минималната фактичка основа која им дозволува соодветна поддршка, [ни] останува само чистата навреда, која, се подразбира, нашиот Устав никако не ја заштитува ... основното правило [кое не го забранува користењето на навредливи забелешки во секакви околности] ниту препознава ниту прифаќа наводно „право на навреда“, [право] кое би било радикално неспојливо со личното достоинство (Член 10 став 1 од Уставот). Според тоа уставната заштита која ја обезбедува Членот 20 став 1 од шпанскиот Устав не ги вклучува „апсолутно вознемирувачките изрази, односно, оние кои, според конкретните околности на случајот, и без оглед на вистинитоста се навредливи или дрски и се непотребни за изразување на мислењата или информациите во прашање.““
Што се однесува на јавните службеници и, особено, на судиите, според Белпјетро против Италија (бр. 43612/10, став 48, 24 септември 2013), Уставниот суд посочил дека судиите се во особена положба, бидејќи наштетување на нивната чест во случај на неосновано дискредитирање би било неизбежно поврзано со довербата во правдата општо. Тој изјавил:
„За разлика од ... другите авторитети ..., судиите - кои ... се изразуваат само преку своите одлуки - поради очигледните причини на резервираност, внимателност и тајност, го немаат истиот личен капацитет да одговорат како што имаат [другите авторитети] со цел да ја оспорат онаа критика на нивната функција за која сметаат дека е неправична, погрешна или навредлива за нивната професионална чест [судот ги цитирал, помеѓу други авторитети, Прагер и Обершлик против Австрија, 26 април 1995, став 34, Серија А бр. 313, и, inter alia, Фалтер Цајтшрифтен ДОО против Австрија (бр. 2), бр. 3084/07, став 39, 18 септември 2012].
...
За крај, ... не треба да се игнорира тоа што неоснована критика на судии кои ја вршат својата функција може не само да им наштети на добриот професионален углед - како што се покренало во разгледуваната постапка - туку и, како што се спомна погоре, ... да ја поткопа довербата на јавноста во правосудниот систем (Морис против Франција, бр. 29369/10, став 107, 11 јули 2013[1]), што е еден од постоечките столбови на владеењето на правото.“
Пресудата била усвоена од мнозинство од четворица судии. Двајца од судиите кои се спротивставиле додале мислење кон пресудата.
РЕЛЕВАНТНА ПРАВНА РАМКА
Релевантните одредби од шпанскиот Устав гласат на следниов начин:
Член 18
„1. Се гарантира правото на чест, на лична и семејна приватност, и на сопствениот углед.“
Член 20
„1. Ќе бидат препознаени и заштитени следните права:
(а) правото слободно да се изразуваат и шират мисли, идеи и ставови усно, писмено, или на било кој друг начин на репродукција;
...
4. Овие слободи ќе бидат ограничени со почит кон правата обезбедени во овој Дел, со одредбите на Актите кои се имплементираат, и особено со правото да се контролира употребата на сопствениот углед и правото на заштита на млади лица и деца.“
Релевантните одредби од Кривичниот законик гласат:
Член 208
„Дела или забелешки кои ја поткопуваат честа на друго лице со тоа што го напаѓаат нејзиниот или неговиот углед или самодоверба ќе сочинуваат навред[и].
Само навредите кои, преку нивната природа, последици и околности, ќе бидат општо прифатени како значителни ќе сочинуваат престап ...
Навредите сочинети од припишување факти на друго лице нема да се сметаат за значителни, освен кога ова е сторено со знаење дека [таквите изјави на факти] се неточни, или со непромислено непочитување на вистината.“
Член 209
„Престапот значителна јавна навреда ќе биде казнив со дневна парична казна која може да се исплаќа помеѓу шест и четиринаесет месеци. Во други случаи, паричната казна може да се исплаќа периодично помеѓу три и седум месеци.“
Член 210
„Оној кој е обвинет за навреда ќе биде изземен од секаква одговорност доколку [тој] ја докаже вистинитоста на изјавите направени [или] против јавни службеници кои ја вршат својата службена должност или во врска со извршување на кривични или административни престапи [од страна на јавните службеници].“
Член 211
„Клеветата и навредата ќе се сметаат за јавни кога се шират преку печатените медиуми, радио емисии или било какви слично ефективни мерки.“
Кога се напаѓа нивната чест, јавните службеници, вклучувајќи ги и судиите, можат, кога се работи за дела за време на служењето на нивната функција, да покренат граѓанска или кривична постапка против престапникот.
Во граѓанските постапки, не се воспоставени посебни барања кога судија е повреден од клевета или навреда (Член 249 став 1 од Законот за кривична постапка). Јавниот обвинител интервенира како страна во граѓанската постапка како гарант на законитоста и заштитник на човековите права.
Во кривичните постапки, кога јавен службеник, авторитет или агент (вклучувајќи ги судиите) е навреден од клевета или навреда, процедурата ќе отпочне ex officio од страна на јавниот обвинител кога престапот го засега извршувањето на нивната должност. Во случај јавниот обвинител да реши да не побара отварање на постапка, јавниот службеник сепак може да одлучи да се појави како приватен обвинител (Член 109 bis од Законот за кривична постапка).
ЗАКОНОТ
I. СПОЈУВАЊЕ НА АПЛИКАЦИИТЕ
Со оглед на сличниот предмет на апликациите, Судот смета дека е соодветно да ги разгледува заеднички со една пресуда.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 10 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
Апликантите се пожалиле дека пресудите на домашните судови неоправдано ги ограничиле нивните права на слобода на изразување кои им ги гарантира Членот 10 од Конвенцијата, кој гласи:
„1. 1. Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт ...
2. Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.“
А. Допуштеност
Судот забележува деека апликациите не се очигледно неосновани во рамките на значењето на Членот 35 став 3 (а) од Конвенцијата. Тој понатаму забележува дека тие не се недопуштиви по било која друга основа. Според тоа мора да се прогласат за допуштени.
Б. Мериторност
1. Поднесоците на страните
Апликантите ги ограничиле нивните согледувања во врска со барањето во насока на правичниот надоместок. Владата не одрекла дека осудата на апликантите претставувала мешање во нивното право на слобода на изразување. Тие заземале став, сепак, дека мешањето било пропишано со закон и следело оправдана цел. За втората поента, тие аргументирале дела мешањето било со цел да се одржи авторитетот и непристрасноста на судството, и да се осигура заштитата на туѓиот углед и права. Владата заземала став дека медиумската изјава на апликантите засегала тема на општ интерес, но дека не постоел јавен интерес во навредувањето на судијата која ја водела тековната постапка, и тоа било сосема непотребно. Владата поднела дека напаѓањето на судиите не придонесува кон информирање на јавноста за релевантни теми, и повторила дека судиите немале право на одговор. Тие изјавиле дека не би било фер од оваа причина непогодно да се влијае на приватниот живот на судијата. Што се однесува на судијата во прашање, нејзиното однесување било беспрекорно. Владата посочила дека апликантите не биле страни во административната постапка, и дека многу од наводните факти во нивното отворено писмо биле неточни. Понатаму, спомнување на името на судијата во писмото било очигледно навредливо; објавувањето на писмото во Диарио де Теруел резултирало со негово обемно ширење, и влијаело до најголем можен степен на личниот и семејниот живот на судијата. Што се однесува на санкцијата наметната врз апликантите и надоместокот за нематеријална штета кој тие морале да го исплатат, Владата смета дека тие не можат да се сметаат за прекумерни. Владата според ова поднесува дека не постоела повреда на Членот 10 од Конвенцијата.
2. Проценката на Судот
(а). Постоење на мешање
Судот забележува за почеток дека нема спор помеѓу страните дека кривичната осуда на апликантите сочинувала мешање во остварувањето на нивното право на слобода на изразување како што ја гарантира Членот 10 од Конвенцијата. Судот го дели ова мислење.
(б) Оправдување за мешањето
Мешањето ќе претставува прекршување на Конвенцијата доколку не ги задоволува условите на ставот 2 од Членот 10. Според тоа треба да се одреди дали истото било „предвидено со закон“, дали следело една или повеќе од оправданите цели зацртани во тој став, и дали било „неопходно во едно демократско општество“ со цел да се достигне конкретната цел или цели (види Петерсен и Бадсгард против Данска [ГС], бр. 49017/99, став 67, ЕСЧП 2004-XI, и Ричи против Италија, бр. 30210/06, став 43, 8 октомври 2013).
(i) Дали мешањето било предвидено со закон и имало оправдана цел
Законодавството на кое се засновува постапката покрената против апликантите е поставено во Членовите 208 до 211 од шпанскиот Кривичен законик, кои го регулираат кривичното дело навреда. Судот е задоволен дека законодавството е достапно, предвидливо и е усогласено со владеењето на законот. Владата аргументирала дека целта на мешањето била да се заштитат угледот и правата на другите и да се одржи авторитетот и непристрасноста на судството. Судот не гледа причина да заземе различен став. Според тоа останува да се разгледа дали мешањето било „неопходно за демократското општество“, и тоа бара Судот да одреди дали било сразмерно на оправданата цел кон која се стремело и дали основата дадена од домашните судови била доволна и релевантна.
(ii) Дали мешањето било неопходно за демократското општество и сразмерно
(1) Општи принципи
Со цел да одреди дали мешањето било „неопходно за демократското општество“, Судот мора да согледа дали задоволувало „итна општествена потреба“. Државите договорнички имаат одредена маргина на уважување во проценката на постоењето на таква потреба, но таа оди под рака со европскиот надзор, опфаќаји го и законодавството и одлуките кои го применуваат истото, дури и тие изречени од независен суд. Судот според тоа има право да ја даде конечната пресуда за дали „ограничувањето“ може да се помири со слободата на изразување како што ја заштитува Членот 10 (види Перинчек против Швајцарија [ГС], бр. 27510/08, став 196 (iii), ЕСЧП 2015 (извадоци), и Перуци против Италија, бр. 39294/09, став 45, 30 јуни 2015). Задачата на Судот, во спроведувањето на неговата надгледна јурисдикција, не е да го заземе местото на надлежните државни органи, туку да ги ревидира според Членот 10 одлуките кои тие ги донеле во согласност со нивната моќ на уважување (види Фресоз и Роар против Франција [ГС], бр. 29183/95, став 45, ЕСЧП 1999-I). Особено, Судот мора да одреди дали причините наведени од државните власти за да го оправдаат мешањето се „релевантни и доволни“ и дали мешањето било „сразмерно на оправданата цел кон која се стремеле“ (види Шови и други против Франција, бр. 64915/01, став 70, ЕСЧП 2004-VI) и со тоа, Судот треба да се задоволи дека државните власти, основајќи ги нивните одлуки на прифатлива проценка на релевантните факти, примениле стандарди кои се во согласност со принципите зацртани од Членот 10 (види Перинчек, цитиран погоре, став 426, Перуци, цитиран погоре, ставови 46-47, и референците во нив). Додатно, и дотаму што осудата на апликантите ги следела оправданите цели на кои сее однесува став 42 погоре, Судот се повикува на општите принципи применливи врз урамнотежувањето на правото на слобода на изразување и „заштитата на угледот и правата на другите“, како што е сумирано во Перинчек, цитиран погоре, став 198, и Меџлис на Исламската заедница Брчко и други против Босна и Херцеговина ([ГС], бр. 17224/11, став 77, 27 јуни 2017). За да стапи во игра Членот 8, нападот на личниот углед мора да достигне одреден степен на значителност (види АД Аксел Спрингер против Германија [ГС], бр. 39954/08, став 83, 7 февруари 2012; Бедат против Швајцарија [ГС], бр. 56925/08, став 72, 29 март 2016; и Меџлис на Исламската заедница на Брчко и други, цитиран погоре, ставови 76-69). Понатаму, и дотаму кај што е засегнато мешање во слободата на изразување во контекст на наводната клевета на судија, Судот се повикува на Миљевиќ против Хрватска (бр. 68317/13, став 53, 25 јуни 2020) и Морис против Франција [ГС] (бр. 29369/10, ставови 124 et seq., ЕСЧП 2015). Судовите - гарантите на правдата, чија улога е суштинска во една Држава според владеењето на правото - мора да уживаат доверба од јавноста. Според тоа мора да бидат заштитени од уништувачки напади кои се неосновани, особено со оглед на фактот дека судии кои биле критикувани подлежат на должност за дискреција која ги спречува да одговорат. Неосновани напади можат да попречат во остварувањето на должноста на јавните службеници (види Јановски против Полска, бр. 25716/94, став 33, 21 јануари 1999, и Никула против Финска, бр. no. 31611/96, став 48, ЕСЧП 2002-II), и оваа заштита исто така особено се однесува на судството. Судството мора да биде во положба кај што може да биде почитувано од обвинетите и од јавното мислење (види Видес Аизсарџибас Клубс против Латвија, бр. 57829/00, став 42, 27 мај 2004; Кудешкина против Русија, бр. 29492/05, став 86, 26 февруари 2009, и референците во него; и Меџлис на Исламската заедница Брчко и други, цитиран погоре, ставови 86-87). Што се однесува на степенот на заштита на слободата на изразување, има малку простор според Членот 10 став 2 од Конвенцијата за ограничување на дебатата околу прашања од јавен интерес. Според тоа, висок степен на заштита на слободата на изразување, со тоа што властите ќе имаат особено тесна маргина на уважување, обично ќе биде доделен кога забелешките се однесуваат на прашање од јавен интерес, како што е случајот, особено, со забелешките за функционирањето на судството, дури и во контекст на постапки кои се во тек и се однесуваат на други бранители. Степен на непријателство и потенцијалната тежина на некои од забелешките не го избегнуваат правото на висок степен на заштита на слободата на изразување, кога ќе се земе предвид постоењето на прашање од јавен интерес (види Патурел против Франција, бр. 54968/00, став 42, 22 декември 2005, и Морис [ГС], цитиран погоре, став 125). Освен во случај на сериозно штетни напади кои се во суштина неосновани, судиите може како такви да бидат предмет на лична критика во дозволените рамки, и не само на теоретски и општ начин. Кога дејствуваат во службени рамки, тие соодветно можат да подлежат на пошироки граници на прифатлива критика од обичните граѓани (види Морис [ГС], цитиран погоре, став 131). На крај, Судот повторува дека, во проценката на сразмерноста на мешањето, природата и строгоста на наметнатите санкции се исто така фактори кои треба да се земат предвид. Како што Судот има посочено претходно, мешање во слободата на изразување може да има смрзнувачки ефект врз остварувањето на таа слобода. Релативно умерената природа на кривичната казна (види Мор против Франција, бр. 28198/09, став 61, 15 декември 2011) не е доволна за да го негира ризикот на смрзнувачкиот ефект врз остварувањето на слободаа на изразување. Општо земено, иако е оправдано за државните институции, како гаранти на институцискиот јавен ред, да бидат заштитени од надлежните власти, доминантната положба што ја заземаат тие институции бара властите да покажат задршка при прибегнувањето кон кривична постапка (види Морис [ГС], цитиран погоре, став 127, со понатамошните референци).
(2) Придонес кон дебата околу тема од јавен интерес
Во врска со разгледуваниот случај, Судот зазема став дека оспорените забелешки на апликантите - кои се однесувале на функционалноста на судството, во контекст на постапка која била во тек, и околу прашање од еколошко значење за локалното население - спаѓале во контекстот на дебата околу тема од јавен интерес. Понатаму, Судот има прифатено дека кога НВО ќе обрне внимание на прашање од јавен интерес, таа ја извршува улогата на јавен чуваор од слична важност на онаа на медиумите (види Интернационални бранители на животните против Обединетото Кралство [ГС], бр. 48876/08, став 103, ЕСЧП 2013 (извадоци)) и може да се карактеризираат како општествен „чувар“ кому му следува слична заштита според Конвенцијата како онаа која му се дава на печатот (ibid., Хелсиншки одбор на Унгарија против Унгарија [ГС], бр. 18030/11, став 166, 8 ноември 2016 и Меџлис на Исламската заедница Брчко и други, цитиран погоре, став 86). Секако дека прашањата кои се однесуваат на функционалноста на правосудниот систем, институција која е суштинска за секое демократско општество, спаѓаат во рамки на јавниот интерес. Односно, забелешките на апликантите барале висок степен на заштита на слободата на изразување, со особено тесна маргина на уважување која соодветно ќе им се дозволи на властите.
(3) Природата на оспорените забелешки и образложението на домашните судови
Судот има зацртано разлика помеѓу изјавите на факти и вредносните судови. Постоењето на фактите може да се прикаже, додека вистинитоста на вредносните судови не подлежи на доказ. Барањето да се докажее вистината на вредносниот суд е невозможно да се исполни и ја прекршува самата слобода на мислење, која е суштински дел од правото обезбедено од Членот 10 (види Де Хас и Гијселс против Белгија, 24 февруари 1997, став 42, Извештаи 1997-I). Сепак, кога изјава претставува вредносен суд, сразмерноста на мешањето може да зависи од тоа дали постои доволна „фактичка основа“ за оспорената изјава: доколку нема, тој вредносен суд може да се покаже како прекумерен (ibid., став 47; Линдон, Очаковски-Лоренс и Жули против Франција [ГС], бр. 21279/02 and 36448/02, став 55, ЕСЧП 2007-IV; и Морис [ГС], цитиран погоре, став 126). Судот забележува дека, со осудувањето на апликантите, кривичниот судија бр. 1 на Теруел заземал став дека апликантите ја пречекориле крајноста на критикување на пресудата и формулирале „идеи и забелешки директно насочени [лично] кон судијата кој ја [имал] изработено [пресудата], дали само на лична основа [или] на [основа на] нејзиното професионално однесување“. Оваа критика се имала претворено во „личен напад против лицето кое професионално ја врш[ела] [нејзината] судска функција, претворајќи ја статијата во лично оцрнување на судијата, припишувајќи личен напад против лицето кое професионално ја вршело [нејзината] правосудна функција, претворајќи ја статијата во лично оцрнување на судијата, [и] припишувајќи ѝ недостаток на способност, [недостаток] на познавање на судската практика и професионалната пракса, и дури став спротивен на правосудната пракса, со спомнување на нејзината „пристрасност“.“ (види став 17 погоре). Провинцискиот суд на Теруел сметал дека апликантите не само што ја критикувале одлуката на судијата, туку и ѝ припишале „неукост, пристрасност, или неправично однесување, што директно влија[ло] на сржта на [нејзиното] човечко достоинство“ (види став 18 погоре). За домашните судови, со оглед на околностите на случајот, се чини дека било важно да се осигура дека заштитата на угледот на судијата ќе преовлада над правото на слобода на изразување на апликантите. Судот зазема став дека, како што воспоставува пресудата на Провинцискиот суд на Теруел (види став 18 погоре), во околностите на случајот, оспорените изјави биле повеќе вредносни изјави отколку чисти изјави на факти, со оглед на општиот тон на забелешките и контекстот во кој биле направени, бидејќи тие претставувале главно целосна проценка на однесувањето на административниот судија во текот на постапката. Односно останува да се разгледа дали била доволна „фактичката основа“ за тие вредносни судови. Осврнувајќи се на текстот на самото писмо (види став 14 погоре), Судот смета дека изразите употребени од апликантите имале доволно блиска поврзаност со фактите за случајот, додатно на фактот дека нивните забелешки не може да се гледаат како погрешни и можад да се изведат од пресудата. Во суштина, апликантите ѝ замериле на г-ѓа М.М. од две причини: што донела неправедна одлука, и што била „пристрасен“ судија, имајќи ја покажано нејзината „пристрасност и недостаток на способност“. Судот согледува дека апликантите не се адвокати и нивните коментари за професионалното однесување на судијата мора да се гледаат во тоа свеетло, а нивното отворено писмо го покажува нивното длабоко незадоволство во врска со конкретните процедурални одлуки и исходот на случајот во целост. Судот повторува во врска со ова дека слободата на изразување „е применлива не само на „информации“ и „идеи“ кои се позитивно примени или сметани за ненавредливи или занемарливи, туку и на оние кои навредуваат, шокираат или вознемируваат“ (види Де Хас и Гијселс, цитиран погоре, став 46). Слично, употребата на „зајадлив тон“ во коментарите насочени кон судија не се некомпатибилни со одредбите на Членот 10 од Конвенцијата (види, на пример, Гувеја Гомес Фернандес и Фрејтас е Коста против Португалија, бр. 1529/08, став 48, 29 март 2011). Според Судот, обвинувањата направени од страна апликантите во нивното писмо биле критики кои судија може да очекува да ги добие во извршувањето на неговата или нејзината должност, не биле целосно фактички неосновани и според тоа не требало да бидат сметани за неповикан личен напад туку за фер коментар на прашање од јавна важност (види Кудешкина, цитиран погоре, став 95, и Морис [ГС], цитиран погоре, став 125). Според ова не се чини дека оспорените забелешки ја надминале границата на дозволена критика во овој случај.
(4) Одржување на авторитетот на судството
Владата се потпирала на фактот дека судските авторитети немаат право на одговор. Судот ги повторува општите принципи кои гој ги има развиено во врска со ова и ги сумира погоре во став 47. Впрочем, иако може да се покаже потребно да се заштити судството од напади кои му предизвикуваат тешка штета и се суштински неосновани, имајќи на ум дека во голем дел од земјите должноста на дискреција им спречува судиите да реагираат, не може како последица на тоа да им се забрани на поединци да ги изразуваат своите ставови, преку вредносни судови со доволна фактичка основа, за теми од јавен интерес поврзани со функционалноста на правниот систем, или да се забрани било каква негова критика. Во разгледуваниот случај, судијата М.М. била дел од суштинска државна институција, и според тоа подлежела на пошироки граници на прифатлива критика од обичните граѓани (види Морис [ГС], цитиран погоре, став 131).
(5) Наметнатите санкции
Судот ги сумира применливите принципи во став 49 погоре. Во разгледуваниот случај, кривичниот судија бр. 1 на Теруел им пресудил на секој од апликантите парична казна од EUR 2.400 со алтернативна казна на лишување од слобода во случај сумата на должената казна да не се исплати. Додатно на тоа што наредил вметнување на објавената осуда во истиот весник, што изнесувало EUR 2.758,80, судијата им наредил да ѝ исплатат надомест за нематеријална штета на судијата во износ од EUR 3.000 (види став 16 погоре). Судот согледува дека санкцијата наметната на апликантите не била „најлесната можна“, туку, напротив, била од одредено значење, и дека не бил разгледан фактот дека писмените забелешки насочени кон судијата во прашање не биле направени од адвокати туку од заинтересирани лаици кои не биле страни во постапката. Судот се сеќава дека дури и кога санкцијата е најлесната можна, такво доделување на само „симболично евро“ за отштета како во Мор (цитиран погоре, став 61), таа сепак претставува кривична санкција и, во секој случај, тој факт не може да биде доволен, сам по себе, за да го оправда мешањето во слободата на изразување на апликантот (види Бразилие против Франција, бр. 71343/01, став 43, 11 април 2006). Судот согледува дека исто така може да се примени алтернативна казна на лишување од слобода во случај да не биде исплатена паричната казна. Такви кривични санкции, по самата нивна природа, неизбежно ќе имаат смрзнувачки ефект (види Отеги Мондрагон против Шпанија, бр. 2034/07, став 60, ЕСЧП 2011). Тој согледува дека, во разгледуваниот случај, неспроведувањето на алтернативната затворска казна бидејќи паричната казна била платена не ја поништува осудата на апликантите или долгорочните последици од постоењето на кривично досие (види Марченко против Украина, бр. 4063/04, став 52, 19 февруари 2009; види исто така Кумпана и Мазаре против Романија [ГС], бр. 33348/96, ставови 112-15, ЕСЧП 2004-XI, каде што апликантите биле осудени на седуммесечна неодложна затворска казна, помеѓу другите санкции; и Белпјетро, цитиран погоре, став 61, каде што апликантот добил одложена четиримесечна затворска казна). Земајќи ја предвид особено тесната маргина на уважување која им се остава на државните власти во ваквите случаи (види став 48 погоре), Судот смета дека осудата на апликантите била несразмерна со целта кон која се стремела.
3. Заклучок
Со оглед на претходното, Судот одлучува дека кривичната осуда на апликантите била несразмерно мешање во нивното право на слобода на изразување, и според тоа не била „неопходна за демократското општество“ во рамки на значењето на Членот 10 од Конвенцијата. Според ова, постоела повреда на Членот 10 од Конвенцијата.
III. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
Членот 41 од Конвенцијата обезбедува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот ѝ дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
А. Штетата
Апликантите побарале EUR 6.779.40 поединечно како материјална отштета. Оваа сума одговара на сумата EUR 2.400 која на обајцата им било пресудено да ја исплатат како парична казна, EUR 3.000 како надомест за нематеријална отштета за судијата, и EUR 1.379,40 поединечно за објавувањето на пресудата. Владата го оспорила ова барање. Судот забележува дека апликантите претрпеле материјална штета поради износот кој им било наредено да го исплатат на судијата. Тој им доделува EUR 6.779 на секој од нив како материјална отштета. Во однос на нематеријалната отштета, апликантите побарале EUR 30.000 поединечно. Владата го сметала бараниот износ за прекумерен. Пресудувајќи правично, Судот смета дека во околностите на случајот на апликантите треба да им се доделат EUR 6.000 поединечно како нематеријална отштета.
Б. Трошоци и издатоци
Апликантите исто така побарале EUR 3.341,26 поединечно за трошоците и издатоците стекнати пред домашните судови, вклучувајќи EUR 605 поединечно за нивната amparo жалба. Тие не поднеле барање за трошоците стекнати пред Судот. Владата го оспорила барањето. Според судската практика на судот, на апликантот му следува надомест на трошоците и издатоците само дотаму до кај што ќе се прикаже дека тие биле направени вистински и со потреба за да се одбрани од наводната повреда и се количински разумни. Во разгледуваниот случај, Судот смета дека е разумно да му се додели на секој од апликантите сума од EUR 3.341 за постапките пред обичните домашни судови и пред Уставниот суд.
В. Затезна камата
Судот смета дека е соодветно доколку затезната камата се заснова на стандардната стапка за задолжување на Европската централна банка, зголемена за три процентуални поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
Одлучува, едногласно, да ги спои апликациите;
Ги прогласува, едногласно, апликациите за допуштени;
Одлучува, со пет гласови спрема два, дека постоела повреда на Членот 10 од Конвенцијата во поглед на обајцата апликанти
Одлучува, со пет гласови спрема два,
(а) дека Државата која одговара е должна да им ги исплати на секој од апликантите, во рок од три месеци од датумот на финализирање на пресудата во согласност со Член 44 став 2 од Конвенцијата, следните суми:
(i) EUR 6.779 (шест илјади седумстотини седумдесет и девет евра), заедно со данокот кој може да се примени на таа сума, како материјална отштета;
(ii) EUR 6.000 (шест илјади евра), заедно со данокот кој може да се примени на таа сума, како нематеријална отштета;
(iii) EUR 3.341 (три илјади триста четириесет и едно евро), заедно со данокот кој може да се примени на таа сума, како надомест за трошоци и издатоци;
(б) дека од истекувањето на горенаведените три месеци сѐ до моментот на исплата, ќе се пресметува редовна затезна камата на горенаведениот износ, по стапка еднаква на стандардната стапка за задолжување на Европската централна банка, зголемена за три процентуални поени;
Ги отфрла, едногласно, остатокот од барањата на апликантите за правично задоволување.
Пресудата е изработена на англиски, и изречена писмено на 9 март 2021, во согласност со Правило 77 ставови 2 и 3 на Правилникот на Судот.
Олга Чернишова Пол Леменс
Заменик секретар Претседател
Во согласност со Член 45 дел 2 од Конвенцијата и Правило 74 дел 2 од Правилникот на Судот, на оваа пресуда се прикачени засебните мислења на Судиите Елосеги и Сергидес.
П.Л.
О.Ч.
ЗАЕДНИЧКО СПРОТИВСТАВЕНО МИСЛЕЊЕ НА СУДИИТЕ ЕЛОСЕГИ И СЕРГИДЕС
I. ВОВЕД
Како што посочува ставот 1 од пресудата, овој случај се занимава со наводната повреда на правото на слобода на изразување на аликантите преку нивната кривична пресуда за објавувањето на отворено писмо во локален весник, во кое се жалат за однесувањето на судија во постапка која ги засега иако тие самите не се страни во постапката.
Пишуваме спротивставено мислење за овој случај бидејќи не можеме да се согласиме со мнозинството од нашите колеги ниту за нивното образложение ниту за нивниот заклучок. Како што ќе објасниме во ставовите кои следат, исходот на овој случај требаше да биде дека не постоела повреда на Членот 10 од Конвенцијата и дека домашните судови спровеле правилен пристап на урамнотежување помеѓу спротивставените права, давајќи приоритет на правото на чест или правото да не се биде клеветен на лицето (судијата) кое било критикувано од двата апликанти.
II. СУДСКИОТ КОНТЕКСТ НА СЛУЧАЈОТ
За да се стаса до овој заклучок потребно е да се образложи контекстот на судскиот спор. Случајот ја засега само кривичната постапка покрената против апликантите. Но, отвореното писмо од страна на апликантите ја критикува судијата која донела одлука во адинистративната постапка, и кривичниот суд согледал дека нивните обвинувања немале доволна фактичка основа (види исто така, особено, пресудата на шпанскиот Уставен суд). Затоа треба да знаеме точно што одлучил првостепениот административен суд во врска со обвинувањата направени против судијата во отвореното писмо (и особено проценката на двата експертски извештаи). Односно, административната постапка го дава контекстот за кривичната постапка (види извадоци од пресудата на административниот суд[2]). Во втората од овие пресуди прашањето за кое се дискутирало било техничко, од тип кој мора да се разреши користејќи објективни критериуми, на основа на професионални стандарди. Ова е неповрзано со дискусијата на субјективни идеи или мислења. Според третиот аргумент од таа пресуда, во овој процес се дебатира дали проектот треба или не да подлежи на процедурата за проценка на еколошкото влијание, бидејќи дејството во прашање е вклучено во Додатокот II на Законот 7/2006 од 22 јуни 2006 за еколошка заштита во Арагон, според мислењето на општинскиот совет, односно подлежи на процедурата за еколошка дозвола според мислењето на жалителот. Зависно од ова, се применуваат две различни процедури.
III. ОПШТЕСТВЕНИОТ КОНТЕКСТ НА СЛУЧАЈОТ
Што се однесува на општествениот контекст, Агилар дел Алфамбра е мал град во Теруел, провинција на Автономната покраина Арагон. Градот има 64 жители. Теруел има проблеми поради својот недостаток на индустрија, и како последица на тоа луѓе ја напуштаат провинцијата и одат кон соседните провинции (и особено во Кастејон, Валенсија и Сарагоса). Една од неговите мали индустрии е ископувањето на глина за изработка на керамички плочки. Има неколку рудници во горенаведените провинции, бидејќи изобилуваат со добра глина. Во 2004-та година компанијата ВББ претставила мал проект за отворање на рудници со отворен коп во четири мали градови. Во Агилар де Алфамбра проектот вклучувал отворање на осум нови работни места. Тој ги исполнил сите услови на експертите од Енергетскиот оддел на владата на Арагон (официјалниот документ е одлука од 8 јуни 2011, објавена во Службениот весник на Арагон). Проектот бил отворен на приговори поднесени од членови на јавноста и бил објавен во градските собранија. Според информациите поднесени од апликантите, тие никогаш не пријавиле таков приговор за проектот. Здружението Платформа за природен Агилар било основано на 19 април 2008 со цел да се спротистави на проектот (нивната моментална веб-страница може да се најде преку Гугл). Тоа има малубројно членство од околу 100. Здружението понатаму спроведувало еколошки активности за промовирање на пејсажот и природното наследство на Алфамбра, организирајќи училишни екскурзии и други настани. Денес тоа брои 122 членови (од Теруел, Валенсија, Мадрид и Каталонија). Самите апликанти имаат дипломирано историја. Тие не живеат во градот бидејќи работат во други провинции. Проектот за создавање на отворениот рудник бил проценет од различни експерти од Владата на Арагон и експерт номиниран ex officio од страна на административниот судија, меѓу други. Исто така била спроведена проценка и од техничарите на општинскиот совет на Агилар дел Алфамбра. Оваа проценка била позитивна и ја поддржувала иницијативата, согледувајќи дека таа не е извор на загадување. Сите страни знаеле дека оригиналниот извештај бил напишан од техничарите на општинскиот совет и од компанија која советот вообичаено ја најмувал, на негово барање. Подоцна, било создадено здружението Платформа за природен Агилар и истото започнало кампања против проектот. Како последица, градоначалникот на градот одлучил да побара уште еден извештај од надворешна фирма за архитектура од Мадрид, предводена од архитектот И.З., татко на еден од апликантите. Општинскиот совет на Агилар дел Алфамбра, кој на почетокот бил во согласност, подоцна го сменил својот став како резултат на кампањата на платформата.
IV. НЕДОСТАТОК НА ФАКТИЧКА ОСНОВА ЗА КРИТИКАТА И НЕДОСТАТОК НА ДОБРА ВОЛЈА
Во разгледуваниот случај, писмото во целост дава коментар за пресудата и јавното сослушување на кое таа била изречена. Сепак, не сите факти опишани од апликантите се прикажани во административната пресуда, а понекогаш ѝ противречат на истата. Ќе ги разгледаме еден по еден а потоа ќее ги коментираме.
(а) „Пресудата покажува дека воопшто не сте биле заинтересирана за техничките прашања за кои се работи.“. Пресудата ги дава во детали чекорите преземени од судијата за справување со техничките прашања, вклучувајќи собирање на сведоштва од неколку инженери и техничари како експерти или сведоци.
(б) „Сте заклучиле, без конкретна причина, дека експертот одговорен за проценка на проектот бил независен и непристрасен, игнорирајќи ги неговите технички и методолошки недостатоци.“. Пресудата објаснува дека името на г-дин М.А. било избрано од список од петорица рударски инженери поднесен од страна на Официјалното здружение на рударски инженери. Тој бил назначен во присуство на двете страни, без да се покренат приговори.
(в) „Не сте размислиле дали може да има нешто сомнително во експертското мислење на некој што нема стапнато во Агилар и користел исклучиво материјали и документи обезбедени од [ВББ-СИБЕЛКО]“. Пресудата исто така опишува како судијата размислувала околу одлуката кој од противречните експертски извештаи да го прифати. Г-дин И.З., лицето чиј извештај бил одбиен, на крај бил и сослушан, но како сведок наместо како експерт.
(г) „Сте го одобриле извештајот на градежен инженер чија [професионална] позадина е непозната“. Авторот на извештајот бил рударски инженер чие име било поднесено од страна на Официјалното здружение на рударски инженери.
(д) „Понатаму, го дискредитирате извештајот [на г-дин И.З.] поради [неговите] семејни врски со ... портпаролот на оваа платформа. Неприфатливо е да го криете фактот дека создавањето на оваа платформа и изборот на нејзините раководители се случиле долго по изработката на извештајот“. Официјалното списание на платформата (број бр. 0, пролет 2009) алудира на нејзиното создавање „во март претходната година“. Извештајот на г-дин И.З. е со датум од 31 март 2008.
(ѓ) „Вие сте несвесна за релевантната судска практика, и што е пострашно, безобразно си ги исправте рацете од збиднувањето, иако имавте документарен доказ кој му противречи на експертското мислење, но не сторивте ништо.“ Како што е наведено погоре, во нејзината пресуда г-ѓа М.М. опишува прецизно како го проценила секој од доказите и ги прифатила или отфрлила фактите како што ги претставиле експертите и сведоците.
(е) „... под формален изговор на несигурно експертско мислење“. Како што е наведено погоре, изборот на експертот и неговите квалификации се одразуваат во пресудата. Тој бил назначен според правната процедура, без интервенција од судијата, и страните не покренале приговори.. Писмото инсистира дека тоа ги прикажува фактите какви што може да се изведат од пресудата („пресудата покажува“, „имавте документарен доказ“).
Значи, останува да се процени дали „фактичката основа“ за тие вредносни судови била доволна. Не можеме да се приклониме кон ставот на мнозинството дека изразите употребени од апликантите имале доволно блиска поврзаност со фактите на случајот. Додатно не се согласуваме ни со нивното толкување дека забелешките на апликантите не можеле да се гледаат како неточен или непотребен напад и можеле да се изведат од пресудата. Експертскиот извештај изработен од судскиот експерт во оваа административна постапка бил подлегнат, на барање на двајцата жалители, на истрага од страна на канцеларијата на провинцискиот обвинител на Теруел, која добила од Јавниот обвинител извештај за горенаведениот експерт и неговата конкретна работа. Истрагата на обвинителот била прекината[3]. .Односно, критиките на апликантите не биле изразени на сослушувањата ниту во текот на судската постапа. Тие можеле да покренат правен приговор кон административната постапка, како секој граѓанин (бидејќи за овој процес постоела јавна информација отворена секому) но тоа не го сториле[4]. Апликантите ја создале платформата во исто време со доделувањето на дозволата и со цел да се спротивстават на истата. Иако не се правници по професија, тие имаат универзитетски дипломи по историја (едниот е јавен службеник во библиотеката на државен универзитет) и имаат соодветно познавање на законот. Ширењето на писмото низ малата заедница во подрачјето каде што се наоѓа локалниот суд со сигурност ќе наштетело Сумирано, писмото напишано од апликантите во разгледуваниот случај било вредносен суд целосно лишен од фактичка основа. Ние не се согласуваме со мнозинството, бидејќи писмото не може да се смета за критика поврзана со судската постапка. Делото на апликантите се основало на нивната емотивна и лична вклученост врзана со фактот дека таткото на еден од нив бил одбиен како експерт. Ниту една реченица од писмото всушност не се однесува на еколошките или техничките прашања. Изразот „ја прикажавте вашата пристрасност и недостаток на способност“ бил едноставен личен напад никако неподдржан од конкретни факти. Според нас, Членот 10 не ги заштитува клеветата и оцрнувањето, уште помалку било кој израз кој претставува сериозен и непотребен напад. Условот за критичките тврдења да имаат некаква фактичка основа, особено кога се работи за научни прашања, не е спротивен на слободата на изразување; напротив, тој промовира пазар на идеи основан на податоци и служи за спротивставување на обичните лажни вести. Понатаму, како што предлага Судијата Војтичек во согласно мислење, „традиционалната дихотомија на изјави на факти и вредносни судови треба да биде преиспитана“ (види согласно мислење на Судијата Војтичек во Макрадули против поранешната југословенска Република Македонија, бр. 64659/11 и 24133/13, 19 јули 2018, и неговото согласно мислење во случајот Моника Марковеј против Романија, бр. 53028/14, 28 јули 2020). Од овие причини Судот требаше да препознае дека пораката изнесена од апликантите не ги задоволувала барањата за вистинитост на информацијата, како што го согледале тоа домашните судови. На основа на сите факти и домашни пресуди во досието за случајот, изразуваме силно несогласување со мнозинството кое потврдува дека критиката изразена од страна апликантите претставувало вредносен суд со фактичка основа. Како што посочила Владата, апликантите не биле дел од судската постапка, и многу од тврдењата кои во нивното писмо се третираат како факти биле неточни. Понатаму, споменување на името на судијата во писмото било очигледно навредливо, и објавата на писмото во Диарио де Теруел значи дека тоа било ширено во голема мера и влијаело на личниот и семејниот живот на судијата до најголем можен степен.
VI. СЛУЧАЈОТ МОРИС ПРОТИВ ФРАНЦИЈА СЕ ОСНОВАЛ НА ВОСПОСТАВЕНИ ФАКТИ
Додатно, овој случај нема поврзаност со случајот Морис против Франција ([ГС], бр. 29369/10, ЕСЧП 2015). Во тој случај, адвокатот ги критикувал судиите за многу тежок случај во врска со убиството на друг судија. Всушност, се покажало дека француските судии биле вклучени во корупција и во обиди за затскривање на докази релевантни за истрагата на убиството. Мислењата на апликантот се основале на вистински и воспоставени факти (види Морис, цитиран погоре, став 158). Исто така, во Морис Судот изјавил, во однос на вредносните судови и фактите, дека морал да земе предвид дали постоела доволна „фактичка основа“ за оспорената изјава, како и околностите на случајот и општиот тон на забелешките (ibid., став 126), и потребата да се одржи авторитетот на судството (ibid., став 128). Што се однесува на адвокатите кои критикуваат судии, има одредени правила кои придонесуваат кон заштитата на судството од непотребни и неосновани напади (ibid., став 134). Адвокатите, додатно, не можат да „прават забелешки кои се толку значајни што ги пречекоруваат дозволивите изрази на коментари без цврста фактичка основа ... ниту пак можат да се расфрлаат со навреди“ (ibid., став 139). Понатаму, „Судот ги проценува забелешките ... [со цел] да осигура дека употребените изрази имаат доволно блиска поврзаност со фактите на случајот ...“ (loc. cit.). Наспроти ова, апликантите во разгледуваниот случај фрлаат сомнеж врз професионалниот капацитет на административниот судија, обвинувајќи ја за неукост и намерна интервенција која ја фаворизира другата страна во случајот со тоа што игнорирала релевантни сведоци и докази. Однесувањето на апликантите ги надминало границите на критикување на пресуда и се претворило во лично оцрнување на судијата. Споредувајќи ги фактите како што се изложени во писмото напишано од апликантите со фактите како што ги воспоставува критикуваниот административен судија, кривичните судови заклучиле дека нема доказ за фактите опишани во писмото на апликантите, и дека тие наводни факти ги противречат воспоставените факти. Со оглед на околностите на случајот, потребно било домашните судови да се осигураат дека правото на приватност на судијата ќе преовладее над правото на слобода на изразување на апликантите.
VII. КРИТИКАТА ЗА НЕДОСТАТОК НА ПРОФЕСИОНАЛНОСТ ВЛИЈАЕЛА ВРЗ ЛИЧНИОТ КАКО И ВРЗ ЈАВНИОТ ЖИВОТ
Не можеме да видиме како писмото кое ја критикува судијата би влијаело само на нејзиниот службен живот. Да се опише некој како пристрасен, помеѓу другите мани, исто така влијае на нејзиниот или неговиот личен интегритет. Во конкретната ситуација од овој случај, нашата пресуда требаше да ги почитува заклучоците на домашните судови дека правото на приватност на судијата (кое ја опфаќа и нејзината професионалност) треба да преовладее над правото на слобода на изразување на апликантите во овој ососбен случај. Во согласност со принципите на маргината на уважување, нашиот Суд требаше да ја почитува постапката на урамнотежување извршена од државните судови. Доколку ги погледнеме критериумите кои Судот ги применува при урамнотежување на слободниот говор кој ги критикува судиите или судството со спротивставените права, гледаме дека Судот обично се повикува на следниве критериуми: темата на разговор (јавен интерес), начинот на изразување, поводот, контекстот на изразот, фактот дека изјавата мора да има фактичка основа (види Кудешкина против Русија, бр. 29492/05, став 95, 26 февруари 2009, и Белпјетро против Италија, бр. 43612/10, став 48, 24 септември 2013) и мора да биде поддржана од информации, сериозноста на мешањето, и смрзнувачкиот ефект. Според нас, домашните судови ги зеле предвид сите овие фактори и извршиле прописно урамнотежување, и Судот не треба да го замени нивното мислење со своето. Шпанските домашни судови не изјавиле во ниеден момент дека личните напади врз поединци не се заштитени од слободата на изразување. Потребно е внимателно да се прочитаат аргументите од трите степени на јурисдикција, имено кривичниот судија бр. 1 на Теруел, Провинцискиот суд на Теруел и, особено, Уставниот суд (види ставови 20-24 од пресудата). Според домашните судови, нападите биле непотребно навредливи и го пречекориле легитимното право на критика.
VIII. СЕРИОЗЕН НЕПОТРЕБЕН НАПАД
Во врска со обвинувањата дека М.М. била „пристрасна“, необјективна и неспособна како судија, се согласуваме со мислењето на Провинцискиот суд дека таквите вредносни судови „[отишле] далеку вон легитимното право на критика“. Критиката имплицирала дека судијата во прашање ги занемарила етичките обврски кои ги подразбира судиската положба, или дури дека извршила кривичен престап. Намерното усвојување на погрешна одлука од страна на судија може да претставува злоупотреба на авторитетот. Во секој случај, отвореното писмо обвинува дека на Судијата М.М. ѝ недостигале одредени квалитети кои го карактеризираат спроведувањето на судската дејност, како објективноста во проценката на експертските извештаи и сведоштвата, и дека била незаинтересирана за техничките прашања во случајот пред неа. Исто така го делиме мислењето на домашните судови дека обвинувањата на апликантите за недолично однесување од страна на М.М. биле основани строго на фактот дека судијата изрекла пресуда во поволност на компанијата ВББ, чии интереси биле спротивставени на оние на еколошката платформа која ја претставувале апликантите (види, mutatis mutandis, Перуци против Италија, бр. 39294/09, став 60, 30 јуни 2015, и спореди со Морис, ставови 156-61).
IX. ЧЛЕН 8 И ЧЛЕН 10: ДВЕТЕ ПРАВА ЗАСЛУЖУВААТ ПОДЕДНАКВА ПОЧИТ
Како што Судот има многу пати изјавено, во случаи како разгледуваниот, кои бараат да се најде фер рамнотежа помеѓу правото на почит кон приватиот живот и правото на слобода на изразување, пресудувањето за апликацијата не треба, во принцип, да варира во зависност од тоа дали истата е поднесена според Членот 8 од страна на критикуваното лице или според Членот 10 од страна на лицето кое критикувало. Во принцип, двете права заслужуваат подеднаква почит. Според ова, во принцип, маргината на уважување треба да е иста во двата случаи. Доколку урамнотежувањето од страна на домашните судови е конзистентно со критериумите поставени од судската практика на Судот, Судот треба да бара силни причини да го замени мислењето на домашните судови со своето.
X. ПРОПИСНО УРАМНОТЕЖУВАЊЕ ОД СТРАНА НА ДОМАШНИТЕ СУДОВИ
Според нас, јасно е дека нема такви причини во разгледуваниот случај (види Перуци, цитиран погоре, став 65, и референците во него). Пресудата на Провинцискиот суд на Теруел јасно изјавила дека вредносните судови во врска со административниот судија, опишана во писмото на апликантите како „неправична, неука и пристрасна“, отишла далеку вон легитимното право на критика и на несогласување со судска одлука. Додатно, во урамнотежувањето помеѓу засегнатите права и применувањето на овие општи принципи врз случајот на апликантите, шпанскиот Уставен суд сметал, земајќи ја предвид судската практика на Судот, дека кривичниот судија бр. 1 широко го анализирал конфликтот помеѓу слободата на изразување на апликантите и почитувањето на честа на судијата, и Уставниот суд заклучил дека постоела сериозна клевета на судијата, надминувајќи ги дозволивите граници на правото на слобода на изразување. Сумирано, сметаме дека Уставниот суд спровл прописно урамнотежување, земајќи ги предвид сите вклучени интереси. Во врска со согледувањата погоре, мнозинството можеше да согледа, но не го стори тоа, дека причините дадени од страна на домашните судови во поддршка на нивната одлука биле „релевантни и доволни“, и дека мешањето не било несразмерно на легитимната цел кон која се стремело. Според тоа мешањето можело разумно да се смета за „неопходно за демократското општество“ во рамки на значењето на ставот 2 од Членот 10 од Конвенцијата. Според ова, нашето мислење е дека Судот немаше значителни причини да го стави своето мислење пред она на домашните судови, кои го разгледувале прашањето на спорот грижливо и согласно на принципите поставени од судската практика на Судот. Според ова, нашето мислење, спротивставено на она на мнозинството, е дека не постоела повреда на Членот 10 од Конвенцијата во овој конкретен случај. Би посочиле дека во Морис (цитиран погоре, став 124), повикувајќи се на Меѓународни бранители на животни против Обединетото Кралство ([ГС], бр. 48876/08, став 100, ЕСЧП 2013 (извадоци)), Судот го изјавил следново:
„(iii) Судот мора да се задоволи дека државните власти примениле стандарди кои се во согласност со принципите зацртани со Членот 10 и, додатно, дека тие се потпирале на прифатлива проценка на релевантните факти“.
Во рамките на нашето знаење, образложението на домашните судови ги применило стандардите на судската практика и тие судови извршиле точна проценка основана на релевантните факти.
XI. НЕОСНОВАНО ДИСКРЕДИТИРАЊЕ НА СУДСТВОТО, И ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО
Улогата на судството е испреплетена или нераздвоиво поврзана со владеењето на правото; може да се рече дека првото е страна на второто. Следствено на ова, дискредитирање на судството без никаква фактичка основа оди против независноста на судиите, поделбата на власта и владеењето на правото општо, и, според тоа, не само што не успева да придонесе на самата основа на демократијата туку и ја поткопува истата таа основа.
Во разгледуваниот случај се случило токму ова, со тоа што судијата била дискредитирана во врска со извршувањето на судските должности, без никаква фактичка или правна основа, со тоа наштетувајќи на нејзиниот углед.
Во премерувањето на правата на апликантите според Членот 10 од една страна, наспроти приватниот и службениот жовот на судијата според Членот 8 од друга страна, мора да се земе предвид фактот дека: (а) правото на судијата било нераздвоиво поврзано со владеењето на правото, кое исто така барало заштита, и (б) неоснованиот напад против судијата бил и неоснован напад на владеењето на правото.
Владеењето на правото е основа на секоја одредба на Конвенцијата, вклучувајќи ги се разбира и Членовите 8 и 10. Исто така, принципот на ефективност е доминантен или подразбран принцип на Конвенцијата. Овој принцип бара, во разгледуваниот случај, за правото под Членот 8 на судијата во спроведување на нејзините судски должности да биде практично и ефективно, таа да не биде навредена или непочитувана од некого без фактичка основа, бидејќи во таков случај не само тоа право туку и владеењето на правото би биле повредени.
XII. СРАЗМЕРНОСТ НА САНКЦИИТЕ
Што се однесува на сразмерноста на санкциите, нас истите ни се чинат прилично умерени со оглед на тежината на обвинувањата од апликантите, штетата предизвикана на угледот на судијата, и фактот дека применливата максимална казна според Кривичниот законик била 420-дневна парична казна (соодветно на 3.360 евра (EUR)). На апликантите им била изречена дневна парична казна од само EUR 8 во период од 10 месеци (300 дневни парични казни, соодветно на EUR 2.400), со алтернативна казна на лишување од слобода. Важно е да се согледа дека другите суми кои им било наредено да ги исплатат не вклучувале алтернативна казна на лишување од слобода во случај на неисплаќање. Според ова, исто така се спротивставуваме на одлуката на мнозинствто, бидејќи наметнатите санкции, иако биле од кривична природа, не може да се сметаат за несразмерни во околностите на конкретниот случај. Додатно, останува на домашниот судија да ја пресмета сумата во зависност од приходите на вклучените лица. Обајцата апликанти биле професионалци, едниот од нив јавен службеник со натпросечна плата.
XIII. ЗАКЛУЧОК
Домашните судови ги примениле критериумите поставени од судската практика на Судот и спровеле прописно урамнотежување на двете страни во спорот. Судот мора да ја почитува маргината на уважување на Државите, во согласност со Декларациите од Интерлакен, Измир и Брајтон. Од една страна, како што посочила Судијата Елосеги во нејзиното спротивставено мислење во Рашкин против Русија (бр. 69575/10, 7 јули 2020), Судот бил доста критикуван од академиците за непочитување на оваа маргина, гледајќи го ова како доказ за двојни стандарди. Спротивно на тоа, во други случаи, може да се забележи склоност кон давање заштита според Членот 10 на клевети и оцрнувања кои немаат фактичка основа и ги прекршуваат домашните кривични закони на повеќето од 47-те Земји договорнички. Но, одбраната на клеветата не придонесува кон плурализам и демократија. Иако употребата на кривичното право е ultima ratio, тоа не значи дека кривичното право не треба да се користи за да се ограничи клеветата, навредите, грубите и неповикани напади и расистичкиот дискурс. Тоа е прашање кое спаѓа во рамките на маргината на уважување на Државите.
[1] Морис против Франција, бр. 29369/10, став 107, 11 јули 2013, заменет од Морис против Франција [ГС], бр. 29369/10, ЕСЧП 2015.
[2] „Дел 60.4 од Законот 7/2006 вели дека „[д]ејности кои подлежат на процедура за проценка на еколошкото влијание нема да подлежат на еколошкото одобрение регулирано во овој Наслов“: Дел 24 од истиот правен текст гласи на следниов начин: „Проекти, без разлика дали се јавни или приватни, кои се состојат од спроведување на работи, инсталации или било какви други активности вклучени во Додатокот II на овој Закон, кои се со намера за извршување во територијата на Автономната покраина Арагон, ќе подлежат на проценка на еколошкото влијание, на начинот предвиден со овој Закон и другите применливи регулативи“. Посебно е дискутирано за време на овој процес дали проектот во прашање е вклучен во гореспоменатиот Додаток II, Група 2, точки 1, 2 и 3. Проекти од рударската индустрија од Група 2 подразбираат [р]удници и ископини покриени од истите дозволи или концесија за отворено окно на минерални депозити и други геолошки ресурси од деловите А, Б, В и Г чија употреба е регулирана од Рударскиот акт и додатните регулативи, кога се применливи било кои од следниве околности; (1) имоти во кои засеегнатата површина на земјиштето надминува 25 хектари; (2) фарми кои имаат вкупно земјено движење од над 200.000 кубни метри годишно; (3) рударските операции кои се спроведуваат под водната маса, земајќи го како мерно ниво највисокото во годишните промени, или кои може да предизвикаат намалување во дополнувањето на површински или длабоки издани…
Општинскиот совет ја основал својата одлука на извештајот од 31 март 2008, во админстративното досие на страниците 199 до 206, и неговата понатамошна ратификација во административното седиште, подготвена од архитектот г-дин И.З., кој го ратифицирал како судски експерт. На барање на жалителот, бил подготвен судски експертски извештај кој го побил извештајот на г-дин И.З. [Поради ова советот] се решил за заклучоците на судскиот експерт и рударски инженер, г-дин М.А. (види извештај, страници 271 до 305), со оглед на соодветните дипломи [на експертите] и темата на експертскиот извештај, земајќи го предвид Член 144 од Кралскиот декрет 2857/1978 кој ја одобрува Рударската регулатива, која го дава следново: „За да се даде стручно мислење за административни досиеја кои се обработуваат во прашањата поврзани со Рударскиот акт, ќе се бараат квалификаците наведени во претходниот член, во полето на односните компетенции на експертите и со специјализациите наведени во него“, кои не ја вклучуваат архитектурата. Понатаму, одлуката се основала на јасноста, разбирливоста и јачината на објаснувањата во писмениот извештај и во записникот од рочиштето. [Понатамошен фактор била] посилната непристрасност [на експертот], поради неговото назначување од судот и недостатокот на поврзаност со постапката, додека г-дин И.З. е татко на портпаролот на Платформата за природен Агилар, се изјаснил против предложената рударска дејност, и го подготвил својот извештај на конкретно барање од општинскиот совет. Ова покренало сомнеж околу процедурата која треба да се следи, и покрај отпочнувањето на процедурата за еколошка дозвола и издавањето на поволен извештај од општинските техничари, кој заклучува дека планираната дејност била компатибилна со политиките на урбано планирање и општинските одредби…
Докажано било дека засегнатото земјиште не надминува 25 хектари. Г-дин И.З. потврдува дека во проектот има повеќе контрадикторни бројки во врска со површината, и заклучува дека засегнатото земјиште надминува 25 хектари. Спротивно на ова, извештајот на г-дин М. разјаснува дека вкупната површина засегната од ископната дејност изнесува 23.88 хектари, што одговара на периметарот за работа, односно површината наменета за ископна работа од изведувачот. Ова не треба да се помеша со периметарот на концесија од 49.04 хектари, кој се однесува на вкупната површина на рударски мрежи одобрени со договорот за концесија, според единицата на мерење во делот 75 од Рударскиот акт (Закон 22/1973(. Таквите податоци, потврдува судскиот експерт, се јасно содржани во петицијата и плановите поднесени од жалителот, кои го разграничуваат периметарот на концесија од оној на дејноста. Исто така, било докажано дека поместувањето на земја не изнесува повеќе од 200.000 кубни метри годишно. Судскиот експерт ја нагласил потребата да се разменат тоните во кубни метри за да се направи пресметката, почнувајќи од вистинската густина на материјал во подрачјето. За да го направи ова, тој извадил примероци од постоечките студии и ги испратил во независна лабораторија, акредитирана од арагонската власт, применувајќи коефициенти на резултатот според условите поставени во неговиот извештај и разјаснети на сослушувањето, со цел да се намалат можните грешки. Земајќи ги [податоците од] нашите лаборатории и складишта на овој начин се добива годишен волумен на ископување од 134.970,98 кубни метри. Треба да се додаде и дека спротивните заклучоци на г-дин И.З. се основаат на теоретски податоци кои тој тврди дека ги презел од „дело со авторитет“ од г-дин Л.Х., професор по проектно инженерство кој сведочел на сослушувањето како експертски сведок и, согласувајќи се со г-дин М., тврди дека густината не може да се одреди на теоретски начин преку прирачник, во кој може да се фиксира само интервал на вредности, и дека е потребна анализа за да се одреди точната вредност. Исто така, тој одрекува дека во своите прирачници ѝ ја припишал на глината густината која г-дин И.З. тврди дека ја презел од теоретските критериуми воспоставени од г-дин Л.“ (Неофицијален превод од шпански кон англиски).
[3] Види ја пресудата на Уставниот суд, страни 36 и 48.
[4] Според пресудата на административниот суд: „Доколку, во согласност со одредбите од претходниот дел, нема причини поради кои би се одбила дозволата, досието ќе биде предмет на петнаесетдневна кампања за јавно информирање преку известување во Службениот весник на Арагон и објавување на огласната табла во градското собрание. Отворањето на процесот за јавно информирање ќе биде лично пренесен на најблиските соседи на предложената локација, за да можат да поднесат приговор доколку сметаат дека е соодветно. Податоците за апликацијата и документацијата заштитена од правилото за доверливост ќе бидат исклучени од јавното информирање. Исто така, ќе бидат побарани извештаи од релевантните служби на општинскиот совет во согласност со природата на дејството … 4. Општинскиот совет изјавил во својата одлука дека проектот не е во согласност со Членот 4 на Регулативата за вознемирувачки, нездрави, штетни и опасни активности, бидејќи вистинската раздалеченост во права линија помеѓу рудникот и урбаниот делот градот секогаш би изнесувала, според одредбите на самиот проект, помалку од 2 километри, односно, помеѓу 1.79 (максимум) и 1.40 (минимум), како што додал г-дин И. при ратификацијата на претходно издадениот извештај. Исто така, г-дин И., при ратификација на извештајот, посочил на „дел 167 од Актот за урбано планирање на Арагон кој се занимава со дозволи за класифицирани дејства, во врска со раздалеченоста, [која] треба да биде 2 километри“. … 5. Во врска со потребата од урбанистичка дозвола и од нацрт за планскиот инструмент која ја пропишува планот за развивање на земјиште на Агилар дел Алфамбра, не е соодветно во оваа постапка да се спроведе било каква проценка, со оглед на ревизорната улога на судовите, и земајќи предвид дека општинскиот совет нема усвоено никаква одлука која пропишува вакви барања, ниту биле изработени такви проценки во поддршка на оспорената одлука. Општинскиот совет во оспорениот акт се ограничува на тоа да посочи дека би било потребно да се побараат [такви проценки] откако ќе биде спроведена соодветната процедура за проценка на еколошкото влијание, посочувајќи дека таква околност „ќе мора да биде земена предвид за во иднина“. Со оглед на нивната ревизорна улога, на овие судови не им е надлежност да одлучуваат за идни прашања. ОДЛУКА Со ова се одобрува судската административна жалба“ (Неофицијален превод од шпански кон англиски).