ЕВРОПСКИ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ПРВ ОДДЕЛ СЛУЧАЈ БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Жалба бр.78392/14) ПРЕСУДА СТРАЗБУР 6 јуни 2019 година Оваа пресуда ќе стане конечна во согласност со условите предвидени во член 44 § 2 од Конвенцијата. Таа може да биде предмет на редакциски измени. БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 1 Во случајот Билески против Северна Македонија, Европскиот суд за човекови права (Прв оддел), заседавајќи во Совет составен од: Ksenija Turković, претседател, Aleš Pejchal, Armen Harutyunyan, Pere Pastor Vilanova, Tim Eicke, Jovan Ilievski, Raffaele Sabato, судии, и Renata Degener, заменик-секретар на Одделот, Расправајќи на затворена седница на 14 мај 2019 година, Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум: ПОСТАПКА 1. Постапката е иницирана со жалба (бр.78392/14) против Република Северна Македонија поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи ("Конвенцијата") од страна на г-дин Драги Билески ("жалителот"), македонски/државјанин на Република Северна Македонија, на 11 декември 2014 година. 2. Жалителот, судија на основен суд во тоа време, беше застапуван од страна на г-дин В. Доневски, адвокат од Скопје. Владата на Северна Македонија ("Владата") беше застапувана од нејзиниот поранешен агент, г-дин К.Богданов, кој го наследи нивниот сегашен агент г-ѓа Д. Џонова. 3. На 19 мај 2015 година до Владата е доставено известување за жалбените наводи за неправичноста на постапката за лустрација, во која правата на жалителот според член 8 биле наводно повредени, како и за непостоењето на ефикасен правен лек во тој поглед, а остатокот од жалбата беше прогласен за недопуштен согласно член 54 § 3 од Деловникот на Судот. ФАКТИ I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ 4. Жалителот е роден 1951 година и живее во Кичево. 2 БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА А. Лустрација на жалителот 5. На 2 февруари 2010 година жалителот поднел писмена изјава во која негирал дека соработувал со органите на државната безбедност по 1944 година. Ваквата изјава требало да се достави до Комисијата за верификација на факти ("Комисијата за лустрација") од страна на јавните службеници и се барала според Дополнителниот услов од Законот за јавна служба од 2008 година ("Законот за лустрација од 2008 година"). Со одлука од 12 септември 2011 година, Комисијата за лустрација потврдила дека жалителот го исполнил дополнителниот услов за вршење на судиската функција, откако потврдила дека не соработувал со органите на безбедноста на минатиот режим. 6. На 16 ноември 2012 година, Комисијата за лустрација, по барање на нејзиниот претседател, ја повторила постапката за лустрација во однос на жалителот и, врз основа на "нови факти и докази", ја поништила својата одлука од 12 септември 2011 година. Одлуката на Комисијата, во која се повикала на документи доставени од страна на трето лице (имено извесен З.Т., кој бил идентификуван во врска со барањето на претседателот) во својот воведен дел, се засновала на три документи за три лица (од кои едно лице бил З.Т.), од кои утврдила дека жалителот – кој во тие документи се именувал како "оперативна врска" – имал дадено релевантни информации на органите на државната безбедност во 1970-тите. Релевантните делови од овие белешки се како што следи: "... Јас [оперативниот работник] се сретнав со [жалителот], студент по право [во тоа време], во два наврати кога тој изрази желба да соработува со Службата за државна безбедност) ... ... пријателската врска - [жалителот] ме информираше дека [псевдоним] разменил писма со ... ... разговорот со [жалителот] беше на моја иницијатива [на оперативниот работник] ... изворот [жалителот] се користеше повремено, за време на неговиот престој во Скопје. Тој беше прераспореден за да се користи за ..." 7. Комисијата за лустрација утврдила дека, според Законот за одредување на условите за ограничување на вршење на јавна функција, пристап до документи и објавување на информации за соработка со државните безбедносни органи ("Законот за лустрација од 2012 година", кој го замени Законот за лустрација од 2008 година), жалителот соработувал со органите на државната безбедност. Во својата одлука, меѓу другото, навела: "... [жалителот] им давал на органите за безбедност информации за одредени лица од интерес за Службата за државна безбедност ... врз основа на документирани докази утврдено е дека Службата за државна безбедност го користела [жалителот] како оперативна врска ... БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 3 ... Комисијата за лустрација утврди дека [жалителот], како таен соработник, информатор или оперативна врска, [во процесот на] креирање и чување на информации во врска со одредени луѓе, со што нивните права и слободи биле повредени на политички или идеолошки основи, соработувал свесно, тајно, организирано и континуирано со Службата за државна безбедност, во замена за услуги за добивање унапредување, со што е исполнет условот од членовите 4 и 18 од [Законот за лустрација од 2012 година]. " 8. Откако Комисијата за лустрација ја објавила горенаведената одлука (и забелешките на безбедносните органи наведени во одлуката) на својата веб-страница, жалителот побарал (давајќи изјава за необјавување) и добил нецелосна копија од овие документи, во формата во која тие биле објавени на веб-страницата на Комисијата. Тие биле редактирани за да се прикрие идентитетот на оперативниот работник(оперативните работници) кој(и) ги изготвиле и третите лица во однос на кои жалителот наводно дал информации на безбедносните органи. Документите не се потпишани ниту од страна на жалителот ниту од страна на оперативниот работник. Жалителот, исто така, побарал да му се обезбеди целосна копија на тие документи. 9. Во писмена изјава од 27 ноември 2012 година, заверени од страна на јавен нотар, П.К., оперативниот работник којшто изготвил дел од документите на кои се повикала Комисијата за лустрација во својата одлука, меѓу другото, наведува: "... Јас ја изготвив содржината за [жалителот] без [негово] знаење, по мое видување и по спонтан разговор што тој не го бараше, а камоли да имаше намера да се користи како таен соработник или информатор. Јас гарантирам дека [жалителот] не беше евидентиран ниту пак регистриран од страна на безбедносните органи како таен соработник или информатор ... Ниту јас ниту моите колеги, колку што знам, не побарале тој да биде регистриран како таен соработник, информатор, оперативна врска ... ниту пак [жалителот] побара да соработува со службата за безбедност ... Тврдам дека содржината на службената евиденција не е веродостојна и [жалителот] не ги даде информациите на било каков организиран начин, односно ... тој не беше организирана врска на Службата за државна безбедност..." 10. На 30 ноември 2012 година жалителот ја оспорил одлуката на Комисијата пред Управниот суд. Тој се жалел дека, меѓу другото, Комисијата за лустрација не одржала усна расправа и не дала доволно образложение за своите наоди, особено за да покаже дека неговата наводна соработка ги задоволила критериумите наведени во член 18 од Законот за лустрација од 2012 година. Во прилог на овој жалбен навод, тој се повикал на изјавата на П.К, што ја приложил кон жалбата. Тој исто така тврдел дека според документите во неговото предметно досие, не биле превземени никакви мерки против лицата за кои тој наводно ги информирал безбедносните органи. Тој понатаму ја оспорил точноста и веродостојноста на предметните документи, 4 БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА аргументирајќи дека како доказен материјал биле прифатени само копии на документите, дека не биле потпишани од страна на оперативниот работник или лично од него и дека немало службен печат на нив. Во врска со тоа, подоцна приложил допис од Управата за безбедност и контраразузнавање од 2013 година, во кој се потврдувало дека жалителот не бил регистриран во нејзината евиденција и дека документите што се користеле во оспорената постапка не биле од нејзината архива. Со оглед на комплексноста на случајот, жалителот побарал судот да одржи јавна и усна расправа, со цел утврдување на релевантните факти. Во таа смисла побарал судот да изведе усни докази од П.К. и стручен помагач, В.П., универзитетски професор и поранешен разузнавач, во однос на веродостојноста на документираните докази против жалителот и дали тој може да се смета како соработник во смисла на Законот за лустрација од 2012 година. Во однос на ова, тој доставил копија од изјава на В.П. објавена во информативен портал во која В.П. ги истакнал квалитативните критериуми на таква соработка и разликата помеѓу "информатор" и "соработник". Во таа изјава В.П. го дефинирал терминот "информатор" како "лице кое не воспоставило соработнички однос, но доставувало информации на безбедносните служби без да потпише договор за соработка". 11. На затворена седница, а во отсуство на странките, на 20 декември 2013 година, Управниот суд го одбил жалбеното барање на жалителот. Повикувајќи се на информациите во релевантните документи (види став 6 погоре), на кои тој им поклонил верба (по споредувањето на копиите на документи во предметното досие на жалителот со оригиналите), судот ги потврдил наодите на Комисијата за лустрација дека жалителот соработувал со безбедносните служби свесно, тајно, организирано и континуирано како таен информатор, односно како оперативна врска. Релевантните делови од одлуката се како што следува: "[Жалителот] следел, прибирал и доставувал информации за лица ... со што нивните права и слободи биле повредени на политички или идеолошки основи за време на комунистичката ера ... без оглед на тоа дали [тие лица] биле кривично гонети. ... [жалителот] се согласил да соработува со Службата за државна безбедност. Неговиот пријателски однос со оперативниот работник не исклучувал соработка во смисла на законот, и таквиот однос укажува на тоа дека соработникот знаел на кого и зошто му доставувал информации. Од тие причини, судот не ја прифати заверената изјава во прилог на жалбеното барање. Судот ја донесе одлуката на затворена седница, бидејќи Комисијата правилно ги утврдила релевантните факти врз основа на писмен материјал и [жалителот] не достави никакви докази што би довеле до поинаква фактичка состојба." БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 5 12. На 24 јануари 2014 година жалителот побарал Комисијата за лустрација да му даде пристап до оригиналните документи во списите на неговото предметно досие. Во одговорот Комисијата го информирала дека оригиналите биле вратени во Државниот архив. 13. Жалителот ja обжалил горенаведената одлука на Управниот суд повторувајќи ги своите жалбени наводи и тврдејќи дека судот не одржал усна расправа на која можело да се сослуша сведочењето на страните, П.К. и В.П., со цел да се утврди како факт дали имало соработка во смисла на Законот за лустрација од 2012 година, односно дали активностите на жалителот биле свесни, тајни, организирани и континуирани. Образложението што го навеле органите од пониска инстанца во тој поглед не било доволно. Понатаму, не постоеле докази дека во замена за обезбедување на информации тој се стекнал со какви било услуги во смисла на унапредување, што било услов за наводната соработка да потпадне во рамките на значењето на член 18(4) од Законот за лустрација од 2012 година. Од друга страна, има докази дека материјалите на кои се засновале оспорените одлуки не биле веродостојни (види став 9 погоре) и дека тој не бил свесен дека информациите ќе дојдат до Службата за државна безбедност. Автентичноста на документите искористени против него, исто така, е компромитирана со тоа што не потекнувале од архивата на Службата за државна безбедност, од една страна, туку биле како што изгледа изработени од оперативни работници во Службата за државна безбедност (која е претходник на Управата за безбедност и контраразузнавање) од друга страна. Понатаму, тие биле прифатени како докази како копии на документи, без нивната автентичност да биде потврдена од страна на безбедносните органи. Тој побарал да се одржи усна расправа. 14. На нејавна расправа, и во отсуство на странките, на 12 јуни 2014 година, Вишиот управен суд ја одбил жалбата на жалителот и ја потврдил одлуката на понискиот суд без сослушување на сведоците предложени од страна на жалителот. Судот ги потврдил наодите на пониските инстанци, откако верифицирал дека содржината на документите во предметното досие на жалителот, а прифатени како копии на документи, била идентична со оригиналите од Државниот архив. Тој сметал дека биле повредени правата и слободите на други лица, како резултат на однесувањето на жалителот. Судот додал: "Имајќи предвид дека Комисијата за лустрација врши само верификација на факти, за да се утврди дали имало или немало соработка со органите на државната безбедност, извештаите изготвени од страна на оперативните работници во [таквите органи] треба да се сметаат како факти". 15. На 15 јули 2014 година, Судскиот совет утврдил престанок на вршење на судиската функција на жалителот. 6 БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА Б. Дополнителни докази доставени од страна на жалителот 16. На 13 ноември 2015 година жалителот доставил аудио снимки и препис од снимени телефонски разговори во кои се наводно инволвирани тогашниот претседател на Комисијата за лустрација и пратеник од владејачката политичка партија. Материјалот се однесувал на разговори во кои пратеникот го информирал претседателот на Комисијата за лустрација дека одредени материјали во врска со жалителот биле доставени до Комисијата од страна на З.Т. и побарал постапката да се спроведе што е можно побрзо. Жалителот изнел наводи дека на 6 април 2015 година аудио материјалот бил објавен од страна на тогашната политичка опозиција во тужената држава, а исто така станала достапна на интернет. II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ЗАКОНОДАВСТВО 17. Релевантните законски одредби во конкретниот случај се утврдени во Карајанов против Република Македонија (бр. 2229/15, §§ 18-37, 6 април 2017 година). III. РЕЛЕВАНТНИ ДОКУМЕНТИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА 18. Деталите на релевантните документи на Советот на Европа се утврдени во Ивановски против Република Македонија (бр. 29908/11, §§ 106-08, 21 јануари 2016 година). ПРАВО I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 6 ОД КОНВЕНЦИЈАТА 19. Жалителот се жалеше согласно член 6 од Конвенцијата дека бил лишен од можноста ефикасно да го изложи својот случај. Во врска со тоа, тој се жалеше дека му бил овозможен ограничен пристап до безбедносните документи, со оглед дека копиите што му биле доставени биле редактирани; дека немало усна расправа; дека органите одбиле да ги сослушаат сведоците предложени од него; и дека нивните одлуки не биле доволно образложени. Тој понатаму се жалеше согласно член 6 § 2 од Конвенцијата во врска со објавувањето на одлуката на Комисијата на нејзината веб-страница пред таа да стане конечна. Во поднесокот од 13 ноември 2015 година, жалителот исто така изнесе наводи за пристрасност на Судскиот совет кој констатирал престанок на неговата судиска функција, заради тоа што член на БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 7 Советот бил В.Б., поранешен судија во Управниот суд, кој претседавал со советот што одлучувал во постапката за лустрација против него и бил избран за член на Судскиот совет три дена откако Управниот суд одлучил во предметот за лустрација против жалителот. Член 6 §§ 1 и 2 од Конвенцијата, во делот кој е релевантен, гласи: "1. Во определувањето на неговите граѓански права и обврски или кога е поднесено кривично обвинение против него, секој има право на правично и јавно судење ... 2. Секој кој е обвинет за кривично дело ќе се смета за невин се додека неговата вина не биде докажана во согласност со закон." А. Допуштеност 1. Применливост на член 6 во постапката за лустрација против жалителот 20. Страните не се согласија околу тоа дали членот 6 од Конвенцијата е применлив во својот граѓански или кривичен аспект, при што жалителот изнесе наводи во прилог на вториот аспект. Од причините наведени во случајот Карајанов, кои исто така се применливи на конкретниот случај, Судот смета дека во конкретниов случај применлив е граѓанскиот аспект на член 6. Следствено, жалбениот навод на жалителот согласно член 6 § 2 од Конвенцијата во однос на објавувањето на решението на Комисијата за лустрација пред да стане конечно не е компатибилен ratione materiae со таа одредба во рамките на значењето на член 35 § 3 (а) и мора да биде отфрлен согласно член 35 § 4 од Конвенцијата (види Карајанов против Република Македонија, бр.2229/15, §§ 44-45, 6 април 2017 година). 2. Наводен ограничен пристап до документи изготвени од поранешните безбедносни служби (а) Поднесоци на странките 21. Владата вложи приговор дека жалителот не ги исцрпил домашните правни лекови. Поточно, тој не поднел жалба пред управните судови дека документите на безбедносните органи на кои се повикала Комисијата за лустрација во својата одлука биле редактирани. 22. Жалителот изнесе наводи дека тој го покренал прашањето дека му било дозволено да има увид само во редактирана копија од безбедносните документи пред Комисијата за лустрација и барал да ги добие оригиналите. Според него, ги изнел истите тие наводи пред управните судови. 8 БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА (б) Оценка на Судот 23. Релевантните принципи на Конвенцијата се сумирани во пресудата на Судот во случајот Vučković and Others v. Serbia ((прелиминарниот приговор) [GC], бр. 17153/11 и 29 други, §§ 69-77, 25 март 2014 година ). 24. Судот смета дека жалителот, кога имал увид во своето предметно досие пред Комисијата за лустрација, вложил приговор дека му е даден само редактирана копија од релевантните документи на органите за безбедност, каде идентитетите на оперативните работници и другите лица наведени таму биле прикриени. Тој, исто така, побарал да му биде доставена целосна копија од тие документи (види став 8 погоре). 25. Во својот жалбен навод пред Управниот суд, жалителот се жалел дека тие документи биле прифатени како копии на документи и тврдел дека, бидејќи не биле потпишани и заверени од страна на безбедносните органи, не биле веродостојни и Комисијата за лустрација не можела да се потпре на нив. Тој ги изјавил истите забелешки во својата жалба пред Вишиот управен суд. Според тоа, во судкста постапка по ревизија тој ги ограничил своите жалбени наводи во тој поглед на допуштеноста и автентичноста на тие документи. Пред судовите не го споменал ограничувањето на неговиот пристап до материјалите, наводно, изготвени од страна на поранешните безбедносни служби и употребени во постапката против него. Тој не укажал ниту на фактот дека идентитетот на лицата споменати во документите не му бил откриен, ниту пак изнел аргументи, експлицитно или во суштина, дали, и ако е така до кој степен, неоткривањето на нивниот идентитет му ја ограничил можноста ефективно да го презентира својот случај. Барањето на жалителот да изврши увид во оригиналните документи во текот на постапката пред Вишиот управен суд, кон кое не бил приложен таков аргумент, не може да се смета за доволно во овој поглед (види став 12 погоре). Според Судот, тоа го објаснува опсегот на разгледувањето на жалбениот навод на жалителот по овој основ од домашните судови (види ставови 11 и 14 погоре). Заради начинот на кој жалителот го формулирал својот жалбен навод, домашните судови биле лишени од можноста да го разгледаат наводното влијание на овие ограничувања врз правата на жалителот согласно член 6. Имајќи го предвид супсидијарниот карактер на Конвенцијата, овој пропуст на жалителот го спречува и Судот да ја разгледа основата на неговиот жалбен навод согласно овој аспект. 26. Според тоа, овој жалбен навод мора да биде отфрлен согласно член 35 §§ 1 и 4 од Конвенцијата заради неисцрпување на домашните правни лекови. БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 9 3. Подоцнежен жалбен навод од 13 ноември 2015 година 27. Судот нотира дека жалбениот навод за наводната пристрасност на Судскиот совет, кој донел одлука за престанок на судиската функција на жалителот по одлуката во постапката за лустрација, не беше вклучена во формуларот за жалбата поднесен до Судот на 11 декември 2014 година. Тој беше истакнат повеќе од шест месеци по одлуката на Судскиот совет од 15 јули 2014 година (види став 19 погоре). 28. Според тоа, овој жалбен навод е истакнат по истекот на рокот и мора да биде отфрлен во согласност со член 35 §§ 1 и 4 од Конвенцијата. 4. Останати жалбени наводи 29. Владата не истакна приговор во однос на допуштеноста на останатите жалбени наводи. 30. Судот нотира дека овие жалбени наводи не се очигледно неосновани во смисла на член 35 § 3 (а) од Конвенцијата. Тој понатаму смета дека истите не се недопуштени по било кој друг основ. Од тие причини, мора да се прогласат за допуштени. Б. Основаност 1. Поднесоци на странките 31. Жалителот тврдеше дека домашните судови не извеле или не оцениле ниту еден од доказите што тој ги предложил, ниту пак дале било каква причина што не го сториле тоа. Заклучоците на Владата во тој поглед биле погрешни (види став 32 подолу). Било побарано да се сослушаат П.К. и В.П. со цел да може да дадат усни докази за веродостојноста на материјалните докази врз основа на кои Комисијата утврдила дека тој соработувал со органите за безбедност. Заради неодржувањето на усна расправа во текот на постапката, жалителот бил спречен да ја презентира својата одбрана и да ја оспори автентичноста и веродостојноста на доказите против него. Фактот дали имало соработка со поранешните безбедносни органи требало да се утврди во секој случај одделно, врз основа на конкретни докази и факти. Следствено, не можело да се примени општ пристап, онака како што се чини дека предложила Владата (види став 32 подолу). Тој, понатаму, ги повторил своите аргументи дека оспорените одлуки не биле доволно образложени. Дополнителните докази (види став 16 погоре) потврдувале дека неговата лустрација била политички мотивирана и ги повредила неговите права. 32. Владата тврдеше дека жалителот можел ефикасно да го изложи својот случај и да ги оспори заклучоците на Комисијата за лустрација. 10 БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА Во постапките пред управните судови, тој ја оспорил автентичноста и веродостојноста на материјалните докази против него, како и заклучоците дека неговата соработка со безбедносните служби од поранешниот режим ги исполнила квалитативните критериуми утврдени со Законот за лустрација од 2012 година. И двата суда ја земале во предвид писмената изјава на П.К. во која тој ја потврдил автентичноста и веродостојноста на извештаите што тој ги изготвил. Владата понатаму се произнесе дека домашните судови имаат големо искуство (имајќи донесено одлуки во над шеесет случаи на лустрација) во однос на методите на работа на Службата за државна безбедност во тоа време и имале воспоставена пракса која била фокусирана на де факто соработка, без оглед на тоа дали имало формален договор во тој поглед. Дефиницијата на "таен информатор" на В.П. во неговиот разговор била во согласност со тој пристап (види став 10 погоре). Од тие причини, не било неопходно да ги разгледа. Дополнително, било можно да се одлучува за сите фактички и правни прашања, каде правните не биле сложени, врз основа на материјалните докази па одржувањето на усна расправа ќе било во спротивност со принципите на економичност и ефикасност. Владата тврдеше дека судовите доволно ги образложиле своите одлуки. И на крај, таа побара од Судот да не ги разгледува дополнителните докази поднесени од страна на жалителот (види став 16 погоре), бидејќи тие ниту биле доставени до некој домашен орган, ниту пак нивната автентичност и веродостојност била потврдена. 2. Оценка на Судот 33. Општите принципи кои се релевантни за овој случај се сумирани во Карајанов (цитиран погоре, §§ 49-53). 34. Како и во тој случај, Судот ќе разгледа различни аспекти релевантни за овој случај, со цел да утврди дали оспорената постапка, гледана во целина, ги исполнила барањата за правичност во рамките на значењето на член 6 од Конвенцијата. (а) Право на жалителот ефикасно да го изложи својот случај 35. Во овој случај, одлуката на Комисијата за лустрација се засновала на материјални докази за жалителот во врска со неговата наводна соработка со поранешните служби за безбедност. Потпирајќи се на тие докази, Комисијата утврдила дека жалителот соработувал со овие органи како "таен соработник, информатор или оперативна врска" и дека таа соработка ги задоволила квалитативните критериуми од Законот за лустрација од 2012 година, имено дека била "свесна, тајна, организирана и континуирана", со што "биле повредени правата и слободите [на други лица] на политички или идеолошки основи ... во замена за услуга за добивање унапредување" (види став 7 погоре). БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 11 Треба да се забележи дека жалителот не бил вклучен во постапката пред Комисијата и според тоа не можел да презентира аргументи во своја одбрана. 36. Во постапките пред управните судови, жалителот ја оспорил автентичноста и веродостојноста на материјалните докази искористени против него и ги оспорил заклучоците на Комисијата во врска со наводната соработка, особено дека била свесна, дека предизвикала штета на трети лица и дека тој се стекнал со услуги поврзани со кариерата. Во врска со тоа тој предложил судовите да изведат усни докази од П.К., оперативниот работник кој и самиот признал дека изготвил некои од документите на службата за безбедност на кои се потпрела Комисијата. Во иста насока, тој побарал од судот да го сослуша В.П., универзитетски професор и поранешен разузнавач, како стручен помагач. 37. Управните судови не ги сослушале предложените сведоци и не образложиле зошто нивното сослушување немало да придонесе за утврдување на фактичката состојба оспорена од страна на жалителот. Управниот суд ја потврдил фактичката состојба утврдена од Комисијата потпирајќи се само на документите против жалителот. Таа не се повикала на доказите во прилог на жалителот содржани во писмената изјава на П.К. Вишиот управен суд ги потврдил овие заклучоци, сметајќи дека "извештаите изготвени од оперативните работници во [тие органи] треба да се сметаат како факти" (види став 14 погоре). Судот, сепак, забележува дека документите употребени против жалителот не биле од архивите на безбедносната служба (види став 10 погоре), која ја наследила Службата за државна безбедност, чиишто оперативни раборници ги изготвиле документите за кои станува збор. Дополнително, и уште поважно, П.К., кој бил оперативниот работник на кого наводно жалителот му давал информации за трети лица, јасно навел дека тој ги изготвил документите "според негово толкување" и "без знаење на [жалителот]" и дека тие "... [се] невистинити" (види став 9 погоре). Судот смета дека овие елементи барале подетално испитување од страна на домашните судови. Само констатацијата дека изјавата на П.К. нема да биде земена во предвид (види став 11 погоре), без да му се овозможи на тој сведок да даде информации од прва рака во врска со жалбените наводи на жалителот, не е доволна. Со оглед на конкретните околности на случајот, слични се согледувањата и за пропустот на судот да изведе усни докази од В.П., стручен помагач. Според тоа, согласно член 6 од Конвенцијата потребно било домашните судови да дадат посуштинско образложение, наместо едноставно да наведат дека "[жалителот] не поднесе ниту еден доказ што би довел до поинаква фактичка состојба" (види став 11 погоре). Аргументите на Владата дека не било неопходно 12 БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА националните органи да ги изведат доказите дадени од жалителот (види став 32 погоре) не може да го надоместат тој недостаток. 38. Судот смета дека таквата состојба била на штета на остварувањето на правото на жалителот ефикасно да го изложи својот случај, во рамките на значењето на член 6 § 1 од Конвенцијата. (б) Право на усна расправа 39. Судот нотира дека не се одржала усна расправа во присуство на жалителот во која било фаза на оспорената постапка и покрај неговите експлицитни барања (види ставови 10 и 13 погоре). Судот не е убеден дека спорните прашања за фактичката состојба и правото (види став 36 погоре), можело да се разгледаат поефикасно во писмена форма отколку со усни аргументи. Прашањата за кои станува збор не биле ниту технички, ниту чисто правни (види Карајанов, цитиран погоре, § 60). 40. Со оглед на горенаведеното, Судот не е убеден дека имало исклучителни околности кои го оправдувале неодржувањето на усна расправа. (в) Образложена пресуда 41. На крај, Судот смета дека наводите на жалителот дека наводната соработка не ги исполнува квалитативните критериуми наведени во Законот за лустрација од 2012 година биле клучни за исходот на случајот и затоа барале конкретен одговор. Тоа е така затоа што според Законот за лустрација од 2012 година, соработка што не била "свесна, тајна, организирана и континуирана" не може да послужи за целите на лустрација. Покрај тоа, засегнатото лице требало да делува како таен соработник или таен информатор, прибирајќи информации во врска со поединци, кршејќи ги нивните човекови права и слободи, во замена за материјална корист или услуги во текот на работата или за добивање унапредување (членови 4 и 18 (4) од Законот за лустрација од 2012 година). Релевантните европски стандарди ги потврдуваат горенаведените законски квалификациони услови (види став 18 погоре, а особено точка k. од Упатството на Советот на Европа цитирана во Ивановски против Поранешна Југословенска Република Македонија (бр. 29908/11, § 107, 21 јануари 2016 година). 42. Судот нотира дека Управниот суд адресирал одредени аспекти на наводната соработка (види став 11 погоре). Сепак, со оглед на конкретните околности на случајот, Судот не смета дека таквото образложение било доволен одговор на тврдењата на жалителот и на достапните докази. Другите органи што го разгледувале случајот не дале никакво дополнително образложение и само констатирале дека наводната соработка била во согласност со законските БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 13 квалификациони услови, без да се повикаат на некој конкретен доказ за да ги потврдат заклучоците (види ставови 7 и 14 погоре). 43. Во овие околности, Судот смета дека домашните судови не ја исполниле својата обврска според членот 6 § 1 да дадат доволно образложение за своите одлуки. (г) Заклучок 44. Имајќи ги предвид горенаведените елементи, земени заедно и кумулативно, Судот смета дека е повредено правото на жалителот на фер судење во рамките на значењето на член 6 § 1 од Конвенцијата. Овој заклучок е донесен несметајќи ги дополнителните докази доставени од жалителот (види став 16 погоре), чиешто прифаќање беше оспорено од страна на Владата (види став 32 погоре). Од тие причини, Судот не смета дека е неопходно да ги разгледа наводите на страните во однос на овие докази. Според тоа, постои повреда на член 6 § 1 од Конвенцијата. II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА 45. Жалителот се жалеше дека употребата на досиејата на безбедносните служби од поранешниот режим во постапката за лустрација, како и неможноста ефективно да ги оспори заклучоците на националните органи, ги прекршиле неговите права од член 8 од Конвенцијата. Овој член го предвидува следното: "1. Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. 2. Нема да постои никакво мешање од страна на јавната власт при остварувањето на ова право, освен ако тоа е во согласност со закон и е неопходно во едно демократско општество во интерес на националната безбедност, јавната сигурност или економската благосостојба на земјата, за спречување на нереди или криминал, за заштита на здравјето и моралот или за заштита на правата и слободите на другите." A. Поднесоци на странките 46. Владата тврдеше дека вмешувањето во правата на жалителот по овој основ било засновано на Законот за лустрација од 2012 година. Таа понатаму се произнесе дека државата ужива широка маргина на дискреција во прашањата за лустрација, и дека Законот за лустрација од 2012 година ја уредува постапката за лустрација со цел да се балансира јавниот интерес vis-à-vis приватниот интерес на поединецот. Таквата постапка содржела доволно процедурални заштитни мерки против какво било арбитрарно вмешување; особено, таа на поединецот му ги овозможила следните права: правото на правно застапување; 14 БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА правото на жалба; и пристап до сите документи достапни во предметот. Понатаму, управните судови дале релевантно и доволно образложение за своите одлуки. 47. Жалителот не се согласи дека Законот за лустрација од 2012 година ги заштитил приватните интереси на засегнатото лице. Повикувајќи се на Rotaru v. Romania ([GC], бр.28341/95, § 57, ECHR 2000-V), тој тврдеше дека Законот за лустрација од 2012 година не ги утврдил типовите на информации кои може да се евидентираат, околностите во кои таквите информации би можеле да се земат или постапката што треба да се почитува, ограничувањето на староста на информациите што се чуваат или рокот до кога може да се чуваат. Владата не успеа да посочи некоја легитимна цел што Законот ја имал. Б. Оценка на Судот 48. Судот забележува дека предмет на постапката за лустрација против жалителот била неговата наводна соработка со органите за безбедност од поранешниот режим, на кои тој, наводно, им давал информации за трети лица. Според тоа, овој случај треба да се разликува од Rotaru (ibid., §§ 47-63), кој се однесува на надлежностите на разузнавачките служби за чување, користење и отстапување на информации во врска со приватниот живот на поединецот. Понатаму, Судот смета дека процедуралните заштитни мерки што ги ужива жалителот во постапката за лустрација се суштина на жалбата. Бидејќи процесот на донесување одлуки што вклучува мерки за вмешување мора да биде правичен и да гарантира почитување на интересите заштитени со член 8 (види Turek v. Slovakia, бр.57986/00, § 111, ECHR 2006-II (извадоци)), Судот го прогласува жалбениот навод по овој основ за допуштен. Сепак, имајќи ги во предвид своите заклучоци согласно член 6 § 1 од Конвенцијата (види ставови 33-44 погоре) и поднесоците на двете страни, тој смета дека нема основ што би го оправдал посебното разгледување на истите факти согласно член 8 од Конвенцијата. III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 13 ОД КОНВЕНЦИЈАТА 49. Жалителот исто така се жалеше на немање на ефикасен правен лек во однос на неговите жалбени наводи согласно член 6 и 8 од Конвенцијата. Тој се повика на член 13 од Конвенцијата, кој гласи: "Секој човек чиишто права и слободи определени во Конвенцијата се повредени ќе има ефикасен лек пред домашните органи, без оглед на тоа што повредата била сторена од лица кои вршеле службена должност". БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 15 50. Жалителот повторно се произнесе дека оспорената постапка била неефикасен лек за неговиот жалбен навод според член 6 и член 8. 51. Владата ги оспори аргументите на жалителот. 52. Имајќи ги предвид заклучоците според член 6 § 1, Судот го прогласува жалбениот навод по овој основ за допуштен, но смета дека не е неопходно да разгледа дали има, исто така, повреда на членот 13 (види Kudła v. Poland [GC], бр.30210/96, § 146, ECHR 2000-XI и Ивановски, цитиран погоре, § 107). IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА 53. Член 41 од Конвенцијата предвидува: "Кога Судот ќе оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и доколку внатрешното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумна репарација, Судот, доколку е потребно, ќе додели правична отштета на оштетениот." A. Оштета 54. Жалителот бараше противвредност на 9.100 евра (ЕУР) по однос на материјална штета за изгубен приход, односно за неисплатена плата и други поврзани додатоци за шест месеци, што тој ќе ги заработел доколку неговата функција не престанала предвремено како резултат на исходот од постапката за лустрација (види став 15 погоре). Тој понатаму побара 30.000 евра за надомест на нематеријална штета за физичко и ментално страдање, страв и чувство на беспомошност. 55. Владата ги оспори овие барања како неосновани. Таа понатаму тврдеше дека немало причинско-последователна врска помеѓу бараната материјална штета и наводните повреди. 56. Судот смета дека доделувањето на правичен надомест може да се заснова само на фактот дека жалителот не ги искористил сите гаранции од член 6 § 1 од Конвенцијата. Сепак, Судот не може да шпекулира каков ќе бил исходот на постапката доколку таа била во согласност со член 6 § 1 од Конвенцијата. Во конкретниот случај, Судот не гледа причинско-последователна врска помеѓу повредата на член 6 § 1 од Конвенцијата и наводната материјална штета. Од тие причини, нема основ за доделување на отштета по овој основ (види Митриновски против Поранешна Југословенска Република Македонија, бр.6899/12, § 56, 30 април 2015 година). 57. Од друга страна, Судот смета дека жалителот мора да претрпел болка и вознемиреност заради утврдената повреда. Одлучувајќи на правична основа, во согласност со член 41 од Конвенцијата, Судот му доделува на жалителот 2.400 евра на име на нематеријална штета, плус било какви такси што може да бидат наплатени. 16 БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА Б. Трошоци 58. Жалителот исто така побара 34 евра за трошоците направени пред домашните судови (конкретно за судски такси) и 266 евра за трошоците направени пред Судот. Вторава сума ги вклучува трошоците за застапување на жалителот пред Судот, како и поштарината и преводот. Жалителот достави фактура во однос на адвокатската награда и уплатници за судските такси, трошоците за поштарина и превод. 59. Владата ги оспори овие барања како прекумерни и неосновани. 60. Согласно судската пракса на Судот, жалителот има право на надомест на трошоците само доколку се покаже дека биле навистина и неопходно направени и се разумни во однос на износот (види Editions Плен v. Франција, бр.58148/00, § 64, ECHR 2004-IV). Имајќи ги предвид документите што му се на располагање и својата судска пракса, Судот му го доделува целиот износ што го побарува по сите основи, односно 300 евра, плус било која такса што би можела да му биде наплатена на жалителот. В. Затезна камата 61. Судот смета за соодветно дека затезната камата треба да се исплати според најниската каматна стапка за позајмени средства на Европската централна банка, на која треба да се додадат три процентни поени. ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ, ЕДНОГЛАСНО, 1. Ги прогласува жалбените наводи според членот 6 § 1 во врска со правото да го изложи ефикасно случајот, правото на усна расправа и на добивање образложена пресуда, како и жалбените наводи според членовите 8 и 13 од Конвенцијата за допуштени, а остатокот од жалбата за недопуштен; 2. Смета дека има повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата заради целокупната неправичност на постапката за лустрација; 3. Смета дека не е неопходно да се разгледаат жалбените наводи според членовите 8 и 13 од Конвенцијата; БИЛЕСКИ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 17 4. Смета (а) дека одговорната држава треба да му ги исплати на жалителот, во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане конечна во согласност со член 44 § 2 од Конвенцијата, следните износи, конвертирани во националната валута на тужената држава по стапка применлива на денот на исплатата: (i) 2.400 евра (две илјади и четиристотини евра), плус било какви такси што може да бидат наплатени, на име на нематеријална штета; (ii) 300 евра (триста евра), плус било која такса што може да биде наплатена на жалителот, на име на трошоци; (б) дека од истекот на горенаведените три месеци до исплатата ќе се пресметува камата на горенаведените износи, по стапка еднаква на најниската стапка за позајмени средства на Европската централна банка, за периодот до плаќањето плус три процентни поени; 5. Го отфрла остатокот од барањето на жалителот за правичен надомест. Изготвено на англиски јазик и доставено на писмено на 6 јуни 2019 година, согласно член 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот. Рената Degener Заменик-секретар Ксенија Турковиќ Претседател
Full & Egal Universal Law Academy