© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА БОИЧЕНЦО ПРОТИВ МОЛДАВИЈА
(Жалба бр. 41088/05)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
11 јули 2006 год.
КОНЕЧНА ПРЕСУДА
11/10/2006
Оваа пресуда ќе стане конечна во согласност со околностите утврдени во членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може даподлегне на уредувачка ревизија.
Во случајот на Боиченцо против Молдавија
Европскиот суд за човекови права (Четвртата секција) кој заседаваше во рамките на Судскиот совет составен од:
СерНиколас Браца (Nicolas Bratza), претседател
Г-динХ. Касадевал (J. Casadevall),
Г-динЏ. Бонело (G. Bonello),
Г-динМ. Пелонпа (M. Pellonpää),
Г-динК. Траја (K. Traja),
Г-динС. Павловски (S. Pavlovschi),
Г-динЈ. Шикута, (J. Šikuta), судии,
и Г-дин Т.Л. Ирли (T.L. Early), секретар на секција,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 20 јуни 2006 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалбата (бр. 41088/05) против Република Молдавија поднесена до Судот во согласност со членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на Николае Боиченцо („жалителот“) на 16 ноември 2005 година.
2. Жалителот беше претставуван од г-динот Виталие Нагачевски и г-динот Владислав Грибинча, адвокати од Кишињев и членови на невладината организација „Адвокати за човекови права“. Молдавската Влада („Владата“) беше претставувана од нејзиниот агент, г-динот Виталие Парлог.
3. Жалителот тврдеше дека бил подложен на сериозна полициска бруталност и дека властите не спровеле соодветна истрага за инцидентот со што бил прекршен членот 3. Тој исто така се жалеше на тоа дека не добил соодветна медицинска нега додека бил во притвор и на повреда на неговото право на слобода согласно членот 5 од Конвенцијата. Конечно, тој се жалеше согласно членот 34 дека домашните власти го спречиле да го изнесе својот случај пред Судот.
4. Жалбата била доделена на Четвртата секција. На 13 декември 2005 г. Судскиот совет на таа Секција одлучил да ја запознае Владата со жалбата. Во согласност со одредбите од членот 29 § 3 од Конвенцијата, тој одлучил да ја разгледа основаноста на жалбата истовремено со нејзината допуштеност. Тој исто така одлучи да му даде приоритет на случајот во согласност со Правилото 41 од Деловникот на Судот заради лошата здравствена состојба на жалителот.
5. И жалителот и Владата ги поднесоа сопствените забелешки во однос на основаноста (правилото 59 § 1).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
6. Жалителот е роден во 1961 година и живее во Кишињев.Апсењето на жалителот и неговата последователна медицинска состојба
7. На 20 мај 2005 год. Жалителот бил уапсен под сомнеж за измама од Центарот за борба против стопански криминал и корупција (ЦБСКК).
8. Во времето на неговото апсење не покажувал никаква видлива абнормалност во својата физичка состојба. Според медицинското досие од март 2005 година жалителот тежел 133 килограми.
9. Според извештаите изготвени на 21 мај 2005 год. од страна на полицајците што го уапсиле тој се обидел да избега, вербално ги напаѓал, па дури и се обидел да даде отпор со тоа што посегнал по пиштолот што го носел и со тоа што го фрлил налогот за апсење кога му го врачиле. Од овие извештаи не се чини дека била применета некаква сила врз жалителот или дека бил повреден на некаков начин за време на апсењето. Жалителот го отфрла тврдењето дека дал отпор при апсењето.
10. Се чини од полициските извештаи дека жалителот бил уапсен околу 18.45 часот. Според жалителот тој бил уапсен во 16.30 часот.
11. Се тврди во име на жалителот дека откако бил донесен во просториите на ЦБСКК бил претепан од полицајците како резултат на што се онесвестил. Владата го отфрла ова тврдење.
12. Според медицинскиот извештај изготвен во 20.34 часот на истиот датум од страна на лекар од ЦБСКК, жалителот не бил во свесна состојба. Лекарот во извештајот забележал дека според полицајците тој изгубил свест заради „интензивните емоции“ и препорачал жалителот да биде прегледан од кардиолог. Од извештајот не се гледа дека жалителот бил воопшто повреден за време на апсењето.
13. Еден од неговите адвокати го видел жалителот во приближно 22.20 часот во ЦБСКК и забележал во записникот од апсењето (proces verbal de reţinere), кој бил изготвен од страна на полицајците во негово присуство дека жалителот не бил во свесна состојба. На барање на адвокатот во 23.37 часот била повикана брза помош и во 1.30 часот на 21 мај 2005 год. жалителот бил однесен во Кардиолошката болница, сè уште во бессознание.
14. Се чини според медицинската евиденција од Кардиолошката болница дека жалителот се освестил откако бил однесен таму, но не е јасно кога се случило тоа. Според медицинската евиденција страдал од артериска хипертензија и синдром на конфузија од непознато потекло. Жалителот не сакал да одговори на прашањата и не реагирал на ништо. Страдал и од главоболки и мачнина. Нема информации во медицинското досие за неговата тежина во моментот на хоспитализација. Лекарите препорачале меѓу другото жалителот да оди на снимање на мозокот со цел да се исклучи можноста дека жалителот имал церебрален удар. Лекарите заклучиле дека конечната дијагноза би била можна само по изведувањето на овој тест.
15. На 24 мај 2005 год. жалителот бил пренесен во затворската болница. На 25 мај 2005 год. бил прегледан од невролог кој запишал во медицинското досие дека на 20 мај 2005 год. тој страдал од траума на главата по што ја изгубил свеста. Неврологот препорачал различни форми на медицинско лекување но не препорачал снимање на мозокот. На 26 мај 2005 год. лекар забележал во медицинското досие дека жалителот имал болки во бубрезите и црвена урина. На 2 јуни 2005 год. жалителот бил прегледан од комисија на постари лекари од болницата кои ја утврдиле конечната дијагноза на меѓу другото акутна траума на главата и потрес на мозок и препорачале меѓу другото жалителот да се подложи на психијатриска истрага. На 7 јуни 2005 год. лекар забележал во медицинското досие дека на жалителот итно му требало лек, но дека го немале истиот.
16. Жалителот останал во Затворската болница до 1 септември 2005 год. кога бил префрлен во затвор каде останал петнаесет дена до неговиот трансфер во Психијатриската болница. Според медицинската евиденција за време на неговиот престој во затворската болница никогаш не станал од кревет. Не јадел сам и бил хранет со лажичка од страна на болничкиот персонал со течна храна. Не одел во тоалет и бил чуван на инконтиненциски влошки и силно смрдел на измет. Ретко кога ќе одговорел на прашањата на лекарот со многу тивок глас и користење на гестикулација посочувајќи на главоболки и болки во бубрезите. Неговата урина била црвена. Поголемиот дел од времето не реагирал на никакви прашања и мижел. Најмалку во пет прилики во мај и август 2005 год. медицинскиот персонал на писмено пријавиле до своите надредени дека заради неговата состојба жалителот не можел да ги голтне лековите. Во најмалку седум прилики лекарите забележале во медицинското досие дека состојбата на жалителот била задоволувачка. Во неколку прилики лекарите шпекулирале во медицинското досие дека состојбата на жалителот била лажна.
17. Во неколку прилики меѓу мај и септември 2005 год. еден од адвокатите на жалителот и неговата сопруга барале да му се дозволи на независен лекар пристап до жалителот, но не добиле одговор.
18. За време на престојот на жалителот во Затворската болница на неговата сопруга и било овозможено да го посети само еднаш, на 5 јули 2005 год. на само десет минути. На неговата мајка не и било дозволено да го посети. Во една прилика таа се обратила до Окружниот суд на Бујукани и до Затворската болница со писмо и меѓу другото побарала негова слика; меѓутоа не добила одговор.
19. На 1 август 2005 год. главниот лекар на Затворската болница предложил психијатриски преглед на жалителот за да се „потврди или исклучи симулирање“. На 3 август 2005 год. Окружниот суд на Бујукани наредил судско-медицински и психијатриски преглед на жалителот.
20. На 18 и 30 август и на 6 и 11 септември 2005 год. еден од адвокатите на жалителот и неговата сопруга побарале од Окружниот суд на Бујукани и Министерството за правда жалителот да биде префрлен во Психијатриската болница и да се забрза психијатриското испитување. Тие меѓу другото тврделе дека заради отсуство на јасна дијагноза не била можна никаква соодветна медицинска нега во тој момент. Сопругата на жалителот исто така понудила да ги покрие сите трошоци за неговиот транспорт, преглед и медицинска нега. Не добила никаков одговор на овие барања.
21. Врз основа на судски налог од 3 август 2005 год. жалителот бил подложен на три медицински испитувања. Судско-медицинското испитување било направено на 28 октомври 2005 год., а во извештајот на лекарите меѓу другото се вели:
„... На 20 мај 2005 год. [жалителот] претрпел повреда на главата при што ја изгубил свеста.
Во времето на хоспитализацијата страдал од главоболки, вртоглавици и бука во главата, мачнина и замор... болки во долниот дел од грбот.
Дијагноза: акутна траума на главата, потрес на мозокот со просечна сериозност...
Не биле пронајдени видливи повреди на телото на жалителот за време на неговиот престој во обете институции [Кардиолошката болница или Затворската болница]; меѓутоа било утврдено дека страдал од траума на главата.
На 23 мај 2005 год. лекарите од Кардиолошката болница утврдиле заболување на централниот нервен систем, чие потекло не било утврдено заради немањето на услови за современ медицински преглед (магнетна резонанца, скенер за мозок), и последователно не било можно да му се даде соодветно медицинско лекување.
Од медицинската евиденција на лекарите меѓу 20 мај 2005 год. и 1 септември 2005 год. се чини дека за време на тој период [жалителот] не бил способен активно да учествува во кривичната истрага“.
22. На 20 септември 2005 год. бил направен психијатриски преглед. Меѓутоа Окружниот суд на Бујукани го сметал извештајот за нецелосен и побарал дополнителен преглед којшто бил направен на 15 ноември 2005 год. Во извештаите од 20 септември и 15 ноември 2005 год. меѓу другото стои:
„...Комисијата заклучува дека [жалителот] не страда од никаква хронична ментална болест, но дека страда од последици од траума на главата, артериска хипертензија...
... Од 26 мај 2005 год. [жалителот] престана да одговара на прашања; никогаш не станува од кревет; валкан е и јаде исклучиво течна храна... Во болницата бил донесен на носилка. Не се движи, не реагира на други... лежи со затворени очи и со рацете на градите. Има бледо и анемично лице со влажна кожа... Не дава отпор на медицинските прегледи ... индиферентен е, пасивен и не соработува со лекарите. Не се противеше кога устата му беше отворена, но не го извади јазикот. Кога ќе му се подигнат рацете и нозете паѓаат безживотно. Кога лекарите се обидоа да му ги проверат зениците ги преврти очите. Облеката му е валкана; носи инконтиненциски влошки и силно мириса на урина. Не се грижи за себе ... туку болничкиот персонал се грижи за него (го хранат, мијат и преслекуваат)....
... Стресот (апсењето, кривичната истрага) предизвикала реактивна психоза со синдром на депресија и ступор [ментално супреагирање кое не е на ниво на кома, со оглед дека лицето сè уште може делумно да биде поттикнат да реагира од одредени стимулации, како болка] што го лишило од користење на разум и има потреба од лекување во услови на ригорозен надзор.“
23. На 15 септември 2005 год. жалителот бил хоспитализиран во Централната психијатриска болница, Одделот за судска истрага, каде што се наоѓа до денешен ден.
24. Од медицинското досие поднесено од Владата во декември 2005 год. се чини дека до тој ден поголемиот дел од времето жалителот бил во состојба на ступор. Во период од три недели се освестил, меѓу 2 и 24 октомври 2005 год. но потоа пак паднал во состојба на ступор откако бил подложен на претрес во кафетеријата на болницата. Владата поднела копии на сметки за лекови за жалителот за месеците октомври, ноември и декември 2005 год.
25. Судот нема информации дали жалителот воопшто се повратил од состојбата на ступор. Се чини дека на 23 декември 2005 год. Окружниот суд на Бујукани наредил жалителот да се задржи во Централната психијатриска болница на лекување до конечно закрепнување.
26. Според медицинскиот извештај издаден на барање на еден од адвокатите на жалителот на 5 декември 2005 год. од страна на д-р. И. Берги, психијатар, доколку психоза со синдром на депресија и ступор предизвикана од траума не се лекува како последица може да се развиеа хронична психичка болест.
27. Според медицинскиот извештај издаден на барање на адвокатите на жалителот на 6 февруари 2006 год. од семејниот лекар на жалителот, д-р Т. Морару, жалителот подолго време пред неговата повреда на главата од 20 мај 2005 год. страдал од дијабетес и артериска хипертензија. За време на неговиот престој во Затворската болница страдал од неисхранетост и ослабил 30-35 килограми. Заради неговата состојба на ступор не можел да се храни и затоа му биле потребни трансфузии од гликоза, аминокиселини, витамини Ц и Б и друго. Заради оваа состојба бил во сериозна опасност да развие дијабетска кома, мозочен или срцев удар. Од медицинското досие на жалителот од Затворската болница се чини дека не му била обезбедена доволна медицинска нега и медицинско испитување. Неговиот синдром на ступор бил откриен дури четири до пет месеци подоцна.
28. На 28 март 2005 год. адвокатот на жалителот г-динот Грибинча бил примен од заменикот главен лекар на Психијатриската болница, г-динот Ј. Катриничи, кој го информирал г-динот Грибинча меѓу другото дека во моментот на хоспитализацијата во Психијатриската болница жалителот тежел под 100 килограми и дека во последно време откако малку се здебелил тежел околу 100 килограми. Г-динот Катринчи исто така го информирал адвокатот дека пред две недели на жалителот му бил сниман мозокот. Владата не го оспори ова.
2. Жалбата на жалителот на малтретирање
29. На 27 мај 2005 год. кога жалителот привремено повторно ја повратил свеста, тој му кажал на еден од своите адвокати во присуство на лекар дека бил тепан од полицијата и дека имал големи главоболки и болки во пределот на бубрезите. Лекарот го информирал адвокатот дека жалителот страдал од повреда на главата и проблеми со бубрезите.
30. На 31 мај 2005 год. еден од адвокатите на жалителот поднел жалба до Главното јавно обвинителство за начинот на кој претставниците на ЦБСКК го малтретирале жалителот и побарал од институцијата да покрене кривична постапка. Тој го информирал обвинителството за тоа што му било кажано од жалителот и лекарот.
31. Слични поплаки биле поднесени од сопругата на жалителот во четири прилики меѓу јуни и август 2005 год.
32. На 10 август и 10 октомври 2005 год. адвокатот на жалителот прашал во Главното јавно обвинителство дали неговата жалба од 31 мај 2005 год. била разгледана. Не добил никаков одговор.
33. Само на 23 декември 2005 год. по повеќекратни барања направени за време на судските претреси во рамките на кривичната постапка против жалителот, адвокатот на жалителот добил одлука со датум од 8 јуни 2005 год. со која била отфрлена жалбата поднесена на 31 мај 2005 год. Одлуката била потпишана од г-динот Николае Катана, истиот обвинител којшто го поднел обвинението против жалителот и побарал од судот да му се изрече притвор (види ги параграфите 45-46 подолу).
34. Г-динот Катана тврдел меѓу другото во гореспоменатата одлука дека со оглед дека жалбата на адвокатот од 31 мај 2005 год. не содржела никакви конкретни информации за околностите на наводното малтретирање и со цел да се појасни состојбата тој се обидел да се чуе со жалителот во затвор на 25 и 30 мај 2005 год. Меѓутоа, жалителот категорички одбил да разговара со него. Исто така дури и лекарите потврдиле дека жалителот одбил да разговара со истражните лица и обвинителите и дека разговарал само со адвокатите и лекарите и дека ги лажирал симптомите. Г-динот Катана заклучил дека во секој случај се претпоставувало дека жалителот имал намера да употреби пиштол за време на апсењето. Во такви околности полицајците имале право да употребат сила, а нивната употреба на сила можела да се смета за легитимна одбрана.
35. На неутврден датум адвокатот на жалителот поднел жалба против одлуката на Главното јавно обвинителство со датум од 8 јуни 2005 год.
36. На 23 февруари 2006 год. судијата Ѓеорѓе Морозан од Окружниот суд на Ришкани ја отфрлил жалбата. Тој тврдел меѓу другото дека истрагата била спроведена внимателно и на објективен начин без никакви отстапувања од законот. Тој утврдил дека жалителот одбил да разговара со обвинителот на 25 и 30 мај 2005 год. Исто така жалителот не му се пожалил на обвинителот дека бил подложен на мачење и физичко насилство. Ни лекарите не му кажале ништо на обвинителот за малтретирање, иако биле обврзани да го информираат за такво нешто. Медицинското досие не открило никакви видливи знаци на насилство на телото на жалителот.
3. Жалби на отсуство на медицинска нега
37. На 1 јули 2005 год. сопругата на жалителот се пожалила до главниот јавен обвинител меѓу другото дека не и било дозволено да го посети сопругот и да му обезбеди медицинска нега. Полицајците и докторите од Затворската болница ја чувале во тајност здравствената состојба на жалителот за да ги сокријат знаците од мачење. Таа исто така се жалела дека нејзиното барање да се дозволи независен лекар да го прегледа жалителот било одбиено. Обвинителството никогаш не одговорило на ова писмо.
38. На 18 август 2005 год. еден од адвокатите на жалителот се пожалиле до Окружниот суд на Бујукани дека психијатрискиот преглед кој тој го побарал на 3 август 2005 год. не бил извршен од непознати причини. За да се обезбеди соодветна медицинска нега за жалителот од судот било побарано да им наложи на властите да дозволат приватен лекар да го прегледа жалителот и да го забрза психијатриското испитување. Окружниот суд на Бујукани никогаш не го разгледал ова барање.
39. На 6 септември 2005 год. сопругата на жалителот се пожалила до Окружниот суд на Бујукани дека психијатриското испитување не бил направено. Таа го информирала судот дека открила дека жалителот нема да биде преместен во Психијатриската болница заради немање можност за транспортирање на лица во несвесна состојба. Таа тврдела дека здравствената состојба на нејзиниот сопруг ќе се влошела и дека заради немањето на дијагноза невозможно било да му се обезбеди соодветна медицинска нега. Таа понудила да ги покрие сите трошоци поврзани со превозот на жалителот, медицинскиот преглед и медицинската нега. Оваа жалба никогаш не била разгледана од Окружниот суд на Бујукани.
40. На 6 септември 2005 год. мајката на жалителот се обратила писмено до Окружниот суд на Бујукани и меѓу другото побарала да се наложи итна психијатриска проценка на нејзиниот син, да се прекине со нечовечното постапување и да му се обезбеди медицинска нега соодветна за едно човечко суштество. Оваа жалба никогаш не била разгледана од Окружниот суд на Бујукани.
41. На 13 септември 2005 год. сопругата на жалителот се обратила на писмено до Окружниот суд на Бујукани, Главното јавно обвинителство и до директорот на Затворската болница. Таа се жалела меѓу другото дека психијатрискиот преглед на нејзиниот сопруг намерно бил одлаган од полицијата и лицата кои дале наредба за кривичната истрага на нејзиниот сопруг и дека со ова се оневозможувало да му се обезбеди соодветна медицинска нега. Сопругата на жалителот не добила никаков одговор на оваа жалба.
42. На 5 октомври 2005 год. еден од адвокатите на жалителот писмено се обратил до Окружниот суд на Бујукани дека по психијатрискиот преглед одржан на 20 септември 2005 год. на жалителот му била дијагностицирана сериозна психијатриска состојба. Со оглед дека Затворската болница каде жалителот бил задржан до 1 септември 2005 год. не лекувала психијатриски болести оттука таму не можел да добие соодветно лекување. Соодветно на тоа тој бил лишен од медицинска нега што на секое едно човечко суштество би му била потребна и бил подложен на нечовечно страдање. Окружниот суд на Бујукани никогаш не одговорил на ова писмо.
43. На 6 октомври 2005 год. сопругата на жалителот се жалела до Окружниот суд на Бујукани меѓу другото дека нејзиниот сопруг не добивал соодветна медицинска нега додека престојувал во Затворската болница. Судот не одговорил ни на оваа жалба.
44. На 24 ноември 2005 год. еден од адвокатите на жалителот побарал од Окружниот суд на Бујукани одобрение жалителот да биде посетен од приватен лекар. Тој го информирал судот дека повеќе од шест месеци жалителот нема повратено свест и дека лекувањето обезбедено од државата не било делотворно. Тој исто така го информирал судот дека одлагањето да се одговори на неговото барање ќе резултира со нечовечно и понижувачко постапување со жалителот со попречување на неговото закрепнување. Тој исто така го информирал судот дека сите трошоци ќе биле покриени од семејството на жалителот. Судот никогаш не го разгледал ова барање.
4. Постапките во врска со притворот на жалителот
45. На 23 мај 2005 год. по барање на обвинителот Николае Катана, Окружниот суд на Бујукани издал налог за притвор на жалителот во времетраење од 10 дена. Причините посочени од судот за издавање на налогот биле:
„[жалителот] е осомничен дека сторил многу сериозно дело за кое законот пропишува казна затвор од повеќе од две години; доказите поднесени до судот биле обезбедени по законски пат; изолацијата на осомничениот од општеството е неопходна; тој може да им избега на властите на прогонот или судот; тој може да го попречи утврдувањето на вистината во кривичната истрага или да го повтори делото“.
46. На 25 мај 2005 год. официјално било поднесено и обвинение против жалителот од страна на обвинителот Николае Катана.
47. На 25 мај 2005 год. жалителот се жалел против налогот за притвор и тврдел дека меѓу другото немало докази за ризик од бегство, попречување на истрагата или повторување на делото. Тој тврдел дека кривичната постапка траела уште од февруари 2004 год. и дека ништо во неговото однесување од тогаш не можело да оправда сомнеж за постоење на такви намери. Исто така неговата здравствена состојба претставувала важен аргумент во прилог на неговото ослободување.
48. На 27 мај 2005 год. Апелациониот суд во Кишињев ја отфрлил жалбата поднесена од адвокатите на жалителот без да даде образложение за тоа.
49. Притворот бил продолжен од Окружниот суд на Бујукани на 30 мај и на 22 јуни 2005 год. врз истиот основ. Жалбите на жалителот против продолжувањата биле отфрлени од страна на Апелациониот суд во Кишињев на 3 и 30 јуни 2005 год.
50. На 23 јули 2005 год. налогот за притвор истекол, но жалителот не бил ослободен.
51. На 25 јули 2005 год. Обвинителството го поднело кривичниот предмет до надлежниот суд.
52. На 26 јули 2005 год. еден од адвокатите на жалителот побарале од Окружниот суд на Бујукани да го ослободи жалителот од притвор заради, меѓу другото фактот дека налогот за притвор истекол неколку дена пред тоа. Барањето било отфрлено на 3 август 2005 год.
5. Преглед на жалителот и на неговото медицинско досие од приватни лекари по неговото префрлање на Психијатриската болница
53. Фактите претставени под овој наслов се засновани на исказите на жалителот и документите поднесени од него. Владата не ги оспори.
54. После 16 ноември 2005 год. приватен лекар имал пристап до жалителот само во една прилика, на почетокот од месец јануари 2006 год. Според жалителот, целта на посетата на лекарот била да ја оцени неговата здравствена состојба и да ги процени трошоците за идното лекување.
55. По консултирањето со жалителот лекарот Т. Морару заклучил дека ќе биле потребни низа прегледи за да може да дојде до заклучок. Неговиот писмен извештај бил испратен до Психијатриската болница и до Окружниот суд на Бујукани, а сопругата на жалителот се понудила да ги покрие сите медицински трошоци.
56. Во февруари 2006 год. лекарот Т. Морару се обидел повторно да го посети жалителот за да го прегледа, но не му било дозволено.
57. На 8 февруари 2006 год. сопругата на жалителот поднела жалба до Окружниот суд на Бујукани на тоа дека одговорните во Психијатриската болница не му дозволиле на д-р Т. Морару да го посети, но била отфрлена од судот на 10 февруари 2006 год. врз основ дека судот немал право да се меша во медицинското лекување на жалителот и да им дава упатства на лекарите од болницата. Слични повторни барања од сопругата и адвокатот на жалителот биле отфрлени на 16 и 19 февруари 2006 год., при што судот додал дека со оглед дека кривичната постапка против жалителот била прекината, дека ќе можел да издава налози во врска со него само откако постапката ќе продолжела.
58. На неутврдена дата сопругата на жалителот побарала дозвола од Психијатриската болница нејзиниот сопруг да биде прегледан од приватен лекар. На 16 февруари 2006 год. заменикот главен лекар на Психијатриската болница и пишал на сопругата на жалителот дека жалителот немало потреба да биде прегледан од д-р Т. Морару бидејќи ја примал сета неопходна медицинска нега од лекарите во болницата.
59. Сопругата на жалителот доставила слично безуспешно барање на 22 февруари 2006 год.
60. На 14 и 22 март 2006 год. еден од адвокатите на жалителот (г-динот Грибинча) се јавил во Канцеларијата на владиниот агент и побарал од г-ѓата Лилиа Гримаски помош тој и приватниот лекар да добијат пристап до жалителот и до неговото медицинско досие. Неговото барање било неуспешно.
61. На 20 и 28 март 2006 год. адвокатите на жалителот поднеле до главниот лекар на Психијатриската болница две барање за пристап на г-динот Т. Морару до жалителот и неговото медицинско досие. Тие изнеле во своите барања дека таквиот пристап бил неопходен за потребите на жалбата до Судот и меѓу другото во согласност со членот 34 од Конвенцијата.
62. На истиот датум адвокатот на жалителот, г-динот Грибинча се состанал со главниот лекар на Психијатриската болница, г-динот И. Катриничи, кој усно го одбил неговото барање и тврдел дека никаков пристап до жалителот не бил можен без судски налог.
63. На 31 март 2006 год. г-динот И. Катриничи одговорил на писмено на писмото од 28 март 2006 год. со писмо кое не содржело ништо друго освен текстот од членот 5 од Законот за психијатриска помош (види параграф 69 подолу) на два јазици, романски и руски.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Притвор
64. Членот 25 од Уставот на Република Молдавија што се однесува до релевантноста го вели следново:
„(4) Притворот се спроведува врз основа на налог издаден од судија за максимум период од 30 дена. Законитоста на налогот може да се оспори во согласност со законот пред хиерархиски повисокиот суд. Времетраењето на притворот може да се продолжи само од суд во согласност со законот, на максимум од дванаесет месеци.“
65. Релевантните одредби од Законикот за кривична постапка (‘ЗКП’) се следниве:
Член 176
„(1) Превентивни мерки можат да се применат од страна на обвинителството или од страна на суд само во случаи кога постои сериозен основ да веруваат дека обвинетиот ... ќе избега, ќе го попречи утврдувањето на вистината за време на кривичната постапка или повторно ќе го сторат делото или може да биде применет од судот за да обезбеди извршување на казна.
(2) Притворот и алтернативни превентивни мерки можат да се наметнат само во случаи поврзани со дела за кои законот предвидува казна затвор поголема од две години. Во случаи на дела за кои законот предвидува казна затвор помала од две години, тие можат да се применат доколку ... обвинетиот веќе ги сторил делата споменат во § (1).
(3) При одлучувањето за неопходноста за примена на превентивни мерки, обвинителните власти или судот ќе ги земат во предвид следниве дополнителни критериуми:
1) карактерот и степенот на штета предизвикана од делото,
2) карактерот на ... обвинетиот,
3) неговата/нејзината возраст и здравствена состојба,
4) неговото/нејзиното занимање,
5) неговиот/нејзиниот семеен статус и постоење на лица што се зависни од него/неа,
6) неговиот/нејзиниот економски статус,
7) постоење на постојано место на живеење,
8) други основни околности.
...
Член 177
...
(2) Притвор ... може да се примени само врз основ на судска одлука...
Член 185. Притвор
(1) Притворот значи лишување од слобода на осомниченото, обвинетото или оптуженото лице кое е уапсено на места и во услови предвидени со закон.
(2) Притворот може да се примени за лице во околности и во услови предвидени во член 176, како и кога:
1) осомниченото, обвинетото или оптуженото лице нема постојано место на престој на територијата на Република Молдавија;
2) осомниченото, обвинетото или оптуженото лице е непознато;
3) осомниченото, обвинетото или оптуженото лице ги прекршило условите што му/и се наметнати во врска со други превентивни мерки.
...
(4) Одлуката со која се наложува притворот може да се оспори по пат на жалба пред хиерархиски повисок суд.
Член 186. Времетраење на притворот и негово продолжување
(1) Времетраењето на притворот на лицето започнува да тече од моментот на неговото/нејзиното апсење или ако лицето не е уапсено од моментот на примена на судската одлука со која се наложува притвор. ...
(2) Притворот во текот на истражната фаза од постапката, пред предметот на случајот да се испрати до надлежниот суд [од страна на обвинителот] нема да биде подолг од триесет дена освен во случаи предвидени во овој законик. Времетраењето на притворот во текот на истражната фаза од постапката престанува на датумот кога обвинителот ќе го испрати предметот на кривичниот случај до суд и кога притворот е прекинат или е заменет со друга превентивна мерка која не вклучува лишување од слобода.
...
(5) Секое продолжување на притворот не може да биде подолго од 30 дена.
(6) Доколку е неопходно да се продолжи времетраењето на притворот на обвинетиот, обвинителот не подоцна од 5 дена пред истекувањето на налогот за притворот ќе достави барање за тоа до истражниот судија.
(7) Кога се одлучува по барањето на обвинителот за продолжување на притворот, истражниот судија или во зависност од случајот, судот има право да го замени притворот со домашен притвор, ослободување под судски надзор или кауција.
(8) Откако обвинителниот акт ќе се испрати до суд сите барања во врска со притворот ќе бидат разгледувани од судот надлежен за кривичниот случај.
(9) За продолжување на времетраењето на притворот до 6 месеци одлучува истражниот судија врз основа на барање на окружниот обвинител. Во случај на неопходност од продолжување на времетраењето на притворот на повеќе од 6 месеци барањето ќе биде поднесено од окружниот обвинител со согласност на главниот обвинител или неговите заменици.
(10) Одлуката во врска со продолжувањето на притворот може да биде оспорена со жалба до хиерархиски повисок суд.
Член 190
Лице во притвор според одредбите од член 185 може да побара во секој момент од кривичната истрага негово привремено ослободување под судски надзор или со кауција.
Член 191. Привремено ослободување под судски надзор на лицето во притвор
(1) Привременото ослободување под судски надзор на лицето во притвор или на лице за кое било издадено барање за притвор може да се дозволи од истражниот судија или од суд само во случај на дела сторени без умисла или дела со умисла за кои е пропишана казна затвор помала од 10 години.
(2) Привременото ослободување под судски надзор може да не се дозволи за обвинет којшто има бројни кривични осуди за сериозни, многу сериозни или крајно сериозни дела или доколку постојат информации дека тој или таа ќе стори друго дело, ќе се обиде да влијаат на сведоци, ќе се обиде да уништи докази или ќе побегне.
(3) Привременото ослободување под судски надзор на лице во притвор ќе биде проследено од еден или повеќе од следниве обврски:
1) да не го напушти градот во кој живее со исклучок на услови утврдени од истражниот судија или од судот;
2) да го информира истражниот орган или судот за секаква промена на адресата;
3) да не оди на одредени места;
4) да се појавува пред истражниот орган или судот кога ќе биде повикан;
5) да не стапува во контакт со одредени лица;
6) да не извршува дела кои можат да го попречат откривањето на вистината;
7) да не вози автомобили и да не врши никаква професија од видот која била употребена за да го сторат делото.
...
Член 195
(1) Превентивната мерка која е применета може да се замени со построга, доколку се докаже со докази таква потреба, или за поблага, доколку со нејзина примена се обезбеди соодветно однесување ... од страна на обвинетиот со цел да се обезбеди нормален тек на кривичната истрага и да се спроведе изречената казна.
Член 329
(1) При разгледување на случајот, судот по службена должност или на барање на странките а откако ќе се сослуша нивното мислење, има овластување да ги примени, отповика или прекине превентивните мерки применети врз обвинетиот. Ново барање за примена, замена или укинување на превентивна мерка може да се поднесе доколку постои основ за такво барање, но не порано од еден месец од датумот кога последната одлука стапила на сила за дадениот случај или доколку се појавиле нови околности.
Член 345
(1) Во рок од десет дена од датумот кога случајот бил доставен за пресуда, судијата или советот откако ќе го разгледаат предметот на случајот, ќе го утврди датумот за прелиминарната расправа. Прелиминарната расправа во случаи кога лицето е уапсено ќе се одржи веднаш и со приоритет.
...(4) На прелиминарната расправа следиве прашања ќе бидат разгледани.
...6) превентивни и заштитни мерки.
Член 351
...(7) При утврдувањето на датумот за испитување на случајот судот ќе даде налог за одржување, укинување или прекинување на превентивните мерки во согласност со важечкиот Законик.“
66. Пресудата со образложение на Пленарниот врховен суд на правдата од 28 март 2005 год. вели меѓу другото дека ослободувањето под судски надзор може да се дозволи од истражниот судија или од судечкиот суд само на лице обвинето за дела сторени без умисла или дела сторени со умисла за кои е пропишана казна затвор помала од 10 години.
67. Коментарот во Законикот за кривична постапка изменет во 2005 год., чии автори се меѓу другото Претседателот и неколку судии од Врховниот суд на правдата и неколку постари професори по право, го вели следново во однос на член 191:
„Првиот став од членот 191 го уредува првиот услов на допуштеност на ослободување под судски надзор којшто е утврден од тежината на делото за кое е обвинет обвинетиот. Овој услов [тежината на делото] е утврден во документите издадени од истражното тело или од обвинителот кој ја утврдува квалификацијата на делото...
Истражниот судија не е овластен да проценува дали законската квалификација на делото е точна со оглед дека тој не ги разгледува доказите врз кои е направена квалификацијата.
Во фазата на судење судечкиот суд може да даде нова квалификација на делото за кое е обвинет обвинетиот...“
Б. Домашни правни лекови на кои се повикува Владата
68. Во Другалев против Министерството за внатрешни работи и Министерството за финансии (конечната пресуда на Апелациониот суд во Кишињев од 26 октомври 2004 год.) откако бил ослободен, жалителот барал и добил надоместок за тоа што бил држен во нехумани и понижувачки услови за време на неговиот притвор, во износ од приближно 950 евра (ЕУР). Судот го одреди износот на надоместокот директно од членот 3 од Конвенцијата.
69. Членот 53 од Уставот го вели следново:
„(1) Лице чии права биле повредени од службен орган преку управен акт или доколку не се испита барањето во рамките на статутарниот период, има право да добие признание за правото што го бара, поништување на актот и надоместок на штетата.
(2) Државата има парична обврска во согласност со законот за штета нанесена како резултат на грешки направени со кривична постапка од истражните власти и судовите.“
70. Релевантните одредби од Граѓанскиот законик го велат следното:
„ Член 1405. Одговорноста на државата за штета направена од дејствија на истражни органи, обвинителството и судовите.
(1) Штета предизвикана од физичко лице преку незаконска осуда, незаконско обвинение, незаконска примена на превентивни мерки во форма на притвор или од писмен налог да не го напушти градот или незаконска примена на управна казна за апсење или неплатена општествено корисна работа треба во целост да биде надоместена од државата, без разлика дали за тоа биле криви службени лица од кривичните истражни органи, обвинителството или судиите. ...”
71. Релевантните одредби од Законот бр. 1545 за надоместок на штета предизвикана со незаконски дејствија на кривично-истражни органи, обвинителството и судови го велат следново:
„Член 1
(1) Во согласност со овој закон, поединци и правни лица имаат право на надоместок за морална и материјана штета предизвикана како резултат на:
а) незаконски притвор, незаконско апсење, незаконско обвинение, незаконско осудување;
б) незаконски претрес спроведен за време на истражната фаза или за време на судење, конфискација, собирање на приходот од имот, незаконско отпуштање од работа, како и други процедурални дејствија што ги ограничуваат правата на лицето;
в) незаконско управно апсење или налог за работа за доброто на заедницата, незаконска конфискација на имот, незаконска парична казна;
г) спроведување на незаконска истражна мерка;
д) незаконска заплена на сметководствени документи, други документи, пари или печати како и блокирање на банкарски сметки.
(2) Штетата што е предизвикана ќе биде во целост компензирана, без разлика на степенот на грешката на органите на кривичната истрага, обвинителството и судовите.
Член 4
Едно лице има право на надоместок во согласност со важечкиот закон кога ќе се исполнат еден од следниве услови:
а) изрекување на ослободителна пресуда;
б) повлекување на обвинението или прекинување на истрагата на основ на рехабилитација;
в) усвојување на одлука со која управното апсење е откажано на основ на рехабилитација;
г) доколку Европскиот суд за човекови права или Комитетот на министри на Советот на Европа усвои одлука за надоместок или за пријателска спогодба за надоместок меѓу жртвата и претставник на Владата на Република Молдавија пред Европскиот суд за човекови права. Пријателската спогодба за надоместок треба да биде одобрена од Владата на Република Молдавија; ...“
В. Медицинска доверливост и слобода на медицински информации
72. Член 9 од Законот за психијатриска помош го вели следново:
„Секоја информација за ментална болест од која страда едно лице, неговите или нејзините барања за психијатриска медицинска помош или лекување во психијатриска болница, како и секаква друга информација за неговото или нејзиното ментално здравје претставува медицинска тајна. Што се однесува до остварувањето на неговите или нејзините права и интереси, лицето што страда од ментална болест или неговиот или нејзиниот правен претставник може да се стекне со секаква информација за неговото или нејзиното психијатриско здравје и за психијатриската помош што ја добило.“
ПРАВОТО
73. Жалителот се жалеше согласно член 3 од Конвенцијата на малтретирање од страна на полицијата на 20 мај 2005 и на тоа дека претрпел траума на главата и пролонгирана состојба на ступор како резултат на истата. Тој исто така се жалеше на отсуство на соодветна медицинска помош додека бил во притвор и на отсуство на соодветна истрага во врска со неговата жалба на малтретирање. Членот 3 од Конвенцијата го вели следново:
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.“
74. Жалителот исто така се жалеше дека неговиот притвор меѓу 23 мај 2005 год. и 23 јули 2005 год. не бил заснован на „релевантни и доволни“ причини. Судот исто така сметаше дека е неопходно по службена должност да провери дали одредбите од член 191 од Законикот за кривична постапка биле компатибилни со член 5 § 3 од Конвенцијата. Релевантниот дел од член 5 § 3 вели:
„Секое лице уапсено или притворено според одредбите на став 1(в) од овој член има ... право на судење во разумен рок или на пуштање на слобода додека го чека судењето. Пуштањето може да се услови со давање гаранција дека тоа лице ќе се појави на судењето.“
75. Жалителот исто така се изјасни дека неговиот притвор меѓу 23 и 25 јули 2005 год. кога налогот за притвор истекол не бил „законски“ во рамките на значењето на членот 5 § 1 од Конвенцијата. Тој исто така се жалеше согласно членот 5 § 3 дека по истекувањето на налогот за притвор, лицето било задржано незаконски. Судот одлучи по службена должност да ги испита проблемите посочени од жалителот во согласност со член 5 § 1, имајќи го во предвид случајот Барановски против Полска (Baranowski v. Poland, no. 28358/95, ECHR 2000‑III) и за тоа да добие искази од странките. Релевантниот дел од член 5 § 1 вели:
„Секој човек има право на слобода и на безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на закон во долунаведените случаи:
...
(в) ако е уапсен или притворен заради негово изведување пред надлежен судски орган, кога постои оправдано сомнение дека тоа лице извршило кривично дело, или кога разумно се верува дека е потребно лицето да се спречи да изврши кривично дело, или по извршувањето на истото да побегне;
...”
76. Конечно, жалителот се жалеше во однос на член 34 од Конвенцијата дека на неговите адвокати не им бил даден пристап до неговото медицинско досие и дека на ниеден независен лекар не му бил дозволен пристап до него за да ја оценат штетата нанесена на неговото здравје, заради поднесување на забелешките во врска со случајот до Судот. Релевантен дел од членот 34 вели:
„... Високите страни договорнички се обврзуваат со никаква мерка да не го спречуваат делотворното уживање на ова право.
I. ДОПУШТЕНОСТ НА ЖАЛБИТЕ
А. Жалба за немањето пристап до кривичниот предмет за време на постапките за притвор
77. Во својата првична жалба жалителот поднесе жалба согласно членот 5 § 4 од Конвенцијата за отсуство на пристап до делот од кривичниот предмет кој ги содржи доказите на кои се потпирало обвинителството како поткрепа за одлуката за негов притвор. Меѓутоа, во своите забелешки за допуштеноста и основаноста жалителот го информираше Судот дека во подоцнежна фаза од кривичната постапка по добивањето на пристап до кривичниот предмет тој открил дека тоа не содржело никакви докази од таков вид. Затоа побарал од Судот да го прекине разгледувањето на оваа жалба. Соодветно на тоа Судот нема да ја разгледува.
Б. Неисцрпување на домашните правни лекови
78. Владата се изјасни дека жалителот не ги исцрпил сите домашни правни лекови што му биле достапни без да ги посочи релевантните жалби. Конкретно, тие тврдеа дека тој можел но не ги искористил одредбите од членот 53 од Уставот, членот 1405 од Граѓанскиот законик и од Законот 1545 (види ги параграфите 69-71 горе). Исто така можел да се повика директно на членот 3 од Конвенцијата, како што направил жалителот во случајот Другалев (види во параграф 68 горе).
79. Жалителот не се согласуваше со Владата и тврдеше дека тој ги исцрпил сите домашни правни лекови што му биле достапни. Тој исто така се изјасни дека правните лекови што ги сугерира Владата и онака биле нерелевантни во неговиот случај.
80. Судот потсетува дека едно лице не е обврзано да проба повеќе од еден начин за да добие отштета кога има неколку достапни (види меѓу другите Yagiz v. Turkey, App. No. 19092/91, 75 D.R. 207). Јасно се гледа од документите поднесени до Судот, а Владата не го оспори тоа, дека жалителот се пожалил до Обвинителството и/или до домашните судови за своето наводно малтретирање на 20 мај 2005 год. (види ги параграфите 29-36 горе), на наводно немање на соодветна медицинска нега (види ги параграфите 37-44 горе) и неговиот наводен незаконски притвор (види ги параграфите 45-52 горе). Владата не тврдеше дека правните лекови коишто жалителот се обидел да ги примени биле неделотворни и дека не требале да бидат исцрпени од него.
81. Во такви околности, Судот заклучи дека жалбата не може да биде прогласен за недопуштена заради неисцрпување на домашните правни лекови и соодветно на тоа приговорот на Владата мора да биде отфрлен.
В. Заклучок во врска со допуштеноста
82. Судот смета дека жалбите на жалителот согласно членовите 3, 5 и 34 од Конвенцијата наметнуваат фактички и правни прашања што се доволно сериозни за нивното утврдување да зависи од проверката на основаноста, и не се утврдени никакви други основи за да бидат прогласени за недопуштени. Оттука Судот ги прогласува овие жалби за допуштени. Во согласност со оваа одлука за примена на членот 29 § 3 од Конвенцијата (види во параграф 4 горе) Судот веднаш ќе ја разгледа основаноста на овие жалби.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
А. Изјаснувања на странките
1. Во врска со наводното малтретирање
83. Владата се произнесе дека на 20 мај 2005 год. откако бил донесен во полициската станица жалителот изгубил свест. Неговото губење на свеста не било како резултат на дејствија преземени од полицијата со оглед дека никој не го удрил. Фактот дека не бил малтретиран бил потврден и од наодите на лекарите од Затворската болница со оглед дека немал никакви модрици по телото. Дијагнозата на акутна траума на главата и потрес утврдени од лекарите од таа болница била субјективна со оглед дека била поставена исклучено врз основа на поплаките на жалителот до лекарите дека страдал од траума на главата и губење на свеста на 20 мај 2005 год. и дека страдал од главоболки, вртоглавици, мачнина, болки во грбот, и сл. Исто така жалителот не презентирал никакви докази кои би покажале дека бил малтретиран и не дал детален опис на наводната злоупотреба.
84. Владата тврдела дека извештајот на лекарите Берги и Морару (види ги параграфите 26 и 27 горе) треба да се отфрлат со оглед дека овие лекари немале пристап до медицинското досие во периодот после 15 септември 2005 год. и не го виделе жалителот. Што се однесува до исказот на жалителот дека имал крв во урината, Владата тврдеше дека лабораториските тестови не покажале присуство на крв. Тие не посочиле кога точно биле направени тестовите и не поднеле копии од релевантните медицински извештаи.
85. Жалителот посочи на фактот дека Владата не оспорува дека тој бил во добра здравствена состојба во моментот на неговото апсење на 20 мај 2005 год. и дека изгубил свест додека бил во притвор. Исто така тој посочи на дијагнозата на лекарите од Затворската болница од 25 мај 2005 год. што се однесува на последицата дека претрпел траума на главата по што следело губење на свеста на 20 мај 2005 год. и на забелешката во медицинското досие за тоа дека тој се жалел на болка во бубрезите и црвена урина. Жалителот се изјаснил дека Владата не дала објаснување за тоа како ги стекнал горенаведените повреди додека бил во притвор. Тој исто така тврдел дека немал медицинска историја на ненадејно губење на свеста или заболување на бубрезите.
2. Во врска со наводното отсуство на соодветна медицинска помош додека бил во притвор
86. Според Владата жалителот ја добил сета неопходна медицинска нега за време на својот притвор. Додека бил во Кардиолошката болница меѓу 21 и 24 мај 2005 год. бил прегледан од невролог кој препорачал снимање на мозокот за да се утврди конечната дијагноза. Меѓутоа таквата процедура не била можна затоа што тежината на жалителот од 147 килограми ја надминувала максималната тежина дозволена од уредот за снимање, која била 135 килограми. Владата поднела копија од брошура за уред за снимање со релевантните технички спецификации. Препораката да се направи снимка на мозокот не била потврдена од следниот невролог што го прегледал жалителот на 25 мај 2005 год. во Затворската болница. Ниту пак била повторена од третиот невролог од Психијатриската болница.
87. Владата се изјаснила дека жалителот добил целосна медицинска помош за време на неговиот престој во Затворската болница меѓу 24 мај 2005 год. и 1 септември 2005 год. во Психијатриската болница почнувајќи од 15 септември 2005 год. Тие поднеле копии на сметки за лекови за жалителот за месеците октомври, ноември и декември 2005 год. и тврделе дека било очигледно од медицинското досие дека добивал соодветна медицинска нега. Жалителот не може да тврди дека му била одбиена соодветна медицинска нега со оглед дека одбивал да ги голта лековите. Тој во целост бил способен да зема лекови со оглед дека медицинското досие покажува дека во една прилика во мај, во четири прилики во јуни и во една прилика во јули и во една прилика во август 2005 год. неговата состојба била задоволителна.
88. Владата тврдела дека според нив психијатрискиот преглед наложен на 3 август 2005 год. бил направен во разумно време. Фактот дека не се случил пред 20 септември 2005 год. се должел на прелиминарните административни процедури неопходни за неговото извршување, како што е известувањето за судскиот налог, подготовка на сите неопходни елементи за спроведување на истрагата, пренос на релевантните документи до Психијатриската болница, барање до затворските власти да го донесат жалителот во болница и придружба на жалителот до болницата. По примањето на резултатите на 8 октомври 2005 год. судот сметал дека испитувањата не биле комплетни и наложил дополнително испитување. Дополнителното испитување било спроведено на 15 ноември 2005 год. и врз основа на неговите резултати судот на 23 декември 2005 год. наредил хоспитализација на жалителот во специјализирана психијатриска институција до негово целосно закрепнување од неговата состојба на ступор.
89. Жалителот најпрво се изјаснил дека полицијата не реагирала на соодветен начин на неговото губење на свест. Иако ја изгубил свеста во 20.34 брзата помош била повикана дури три часа подоцна, и тоа исклучиво на инсистирање на адвокатот. Според жалителот неговиот адвокат морал да инсистира приближно час и половина за да ги убеди полицајците да повикаат брза помош. Жалителот тврдел дека Владата не дала веродостојно објаснување за тоа зошто полицијата не реагирала брзо.
90. Владата исто така не успеала според гледиштето на жалителот да даде причини зошто не му обезбедиле снимање на мозокот како што препорачале лекарите од Кардиолошката болница. Тој го отфрли исказот на Владата дека тежел 147 килограми и тврдеше дека овој аргумент бил измислен од Владата и не бил потврден. Тој покажа изводи од неговото медицинско досие според кое на 4 март 2005 год. тежел 133 килограми. Во секој случај жалителот изјави дека меѓу неговото апсење на 20 мај 2005 год. и 15 септември 2005 год. тој изгубил 30-35 килограми; меѓутоа снимање на мозокот му било направено дури во март 2006 год. Тој тврдеше дека снимањето на мозокот било важно за неговото лечење и идентификување на причините за неговата состојба.
91. Жалителот исто така тврдеше дека иако во Затворската болница постојано се жалел на болка во бубрезите, не било направено никакво медицинско испитување.
92. Тој исто така тврдеше дека на 2 јуни 2005 год. лекарите од Затворската болница препорачале психијатриски преглед, но препораката била игнорирано.
93. Отсуството на доволна медицинска нега за време на престојот на жалителот во Затворската болница било потврдено од извештајот од судско-медицинското испитување од 28 октомври 2005 год. и со забелешката во медицинското досие направена од лекар на 7 јуни 2005 год.
94. Жалителот исто така страдал од неисхранетост за време на својот престој во Затворската болница како што било демонстрирано со неговото губење на 35 килограми во период од 99 дена. Жалителот исто така се изјаснил дека не му била укажана соодветна нега од страна на болничкиот персонал. Тој посочи на забелешките во медицинското досие забележани од лекари според кое собата во која што бил чуван силно смрдела на измет, чаршавите биле валкани и за него се грижеле другите затвореници.
95. За време на периодот од 1 до 15 септември 2005 год. жалителот бил чуван во медицинското одделение на Затворот бр. 3, каде условите не биле соодветни за лице со состојба на ступор.
96. Жалителот исто така тврдеше дека психијатрискиот преглед наложен од судот на 3 август 2005 год. бил направен на 15 ноември 2005 год., односно 75 дена подоцна. Според него тоа не можело да се смета за разумно времетраење со оглед на неговата состојба.
97. Жалителот заклучил дека бил држен во Затворската болница намерно за да се сокријат трагите на неговото малтретирање. Упатувајќи на малтретирањето на кое наводно бил подложен и на несоодветното медицинско лекување што го примил, жалителот тврдел дека тие достигнале до мачење во рамките на значењето на членот 3 од Конвенцијата.
3. Во врска со наводната несоодветност на истрагата
98. Владата тврдеше дека на тврдењата на жалителот им фалеле prima facie докази. Во секој случај Обвинителството спровело темелна истрага по која одлучило на 8 јуни 2005 год. да не поведе кривична постапка.
По жалбата поднесена од адвокатот на жалителот на 1 јуни 2005 год. од Обвинителството ги испрашале полицајците кои го уапсиле жалителот и лекарите од Затворската болница и се обиделе да го испрашаат и жалителот на 25 и 30 мај 2005 год. но тој одбил да разговара со нив. Исто така медицинската документација не дава никакви докази дека жалителот бил малтретиран и дека во материјалното време лекарите се сомневале дека жалителот ги преувеличил своите симптоми. Ниту жалителот ниту неговиот адвокат не дале детален опис на наводните злоупотреби.
99. Жалителот меѓу другото се изјаснил дека кривичниот предмет во врска со испитувањето на неговата жалба на малтретирање не содржи докази дека лекари или полицајци биле испитани за неговата состојба или за настаните што се случиле на 20 мај 2005 год. Тој исто така тврдел дека на 25 и 26 мај 2005 год. лекарите ставиле забелешки во медицинското досие за тоа дека на 20 мај 2005 год. тој претрпел траума на главата по што следело губење на свеста, дека имал болка во пределот на бубрезите и дека неговата урина била црвена. Во секој случај обвинителот изјавил дека медицинското досие не содржело никакви докази за каква било форма на малтретирање. Жалителот тврдел дека обвинителот дури и не го погледнал медицинското досие. Фактот дека не разговарал со обвинителот на 25 и 30 мај 2005 год. се должел на неговата здравствена состојба; меѓутоа без разлика на тој факт, обвинителот имал обврска да спроведе истрага.
100. Исто така жалителот само што се запознал со резултатите од прегледот од 23 декември 2005 год., кои што не може да се смета за разумно време.
101. Жалителот исто така се изјаснил дека обвинителот кој ја истражувал неговата жалба на малтретирање не бил доволно независен со оглед дека бил истиот обвинител кој бил задолжен за кривичниот случај против него.
Б. Оценка на Судот
1. Во врска со наводното малтретирање
102. Како што судот има изјавено во повеќе прилики членот 3 ја обезбедува една од најосновните вредности на демократското општество. Дури и во најтешките околности како што е борбата против тероризмот и организираниот криминал, Конвенцијата апсолутно забранува мачење и нечовечно или понижувачко постапување или казнување. За разлика од повеќето материјални клаузули од Конвенцијата и Протоколите бр. 1 и 4, членот 3 нема одредби на исклучоци и никаква дерогација од тоа не е дозволена согласно член 15 § 2, дури и во случај на општа вонредна состојба која се заканува по животите на нацијата (види Selmouni v. France [GC], no. 25803/94, § 95, ECHR 1999‑V, и Assenov and Others v. Bulgaria judgment of 28 October 1998, Reports of Judgments and Decisions 1998-VIII, p. 3288, § 93)
103. Кога едно лице е повредено за време на неговиот притвор или кога на некој начин е под надзор на полицијата, секоја таква повреда ќе создаде силна претпоставка дека лицето било подложено на малтретирање (види Bursuc v. Romania, no. 42066/98, § 80, 12 October 2004) За државата е задолжително да обезбеди веродостојно објаснување како настанале повредите, а доколку не успее во тоа се наметнува јасен проблем согласно членот 3 од Конвенцијата (Selmouni v. France, § 87).
104. При оценувањето на доказите Судот генерално го применуваше стандардот на доказ „за кој нема разумен сомнеж“ (види Ireland v. the United Kingdom, judgment of 18 January 1978, Series A no. 25, pp. 64-65, § 161). Меѓутоа таквиот доказ може да следи од коегзистенцијата на доволно силни, јасни и согласни заклучоци или од слични непобитни претпоставки на факти. Кога настаните што се во прашање целосно или во поголем дел се сознанија на властите, како во случајот со лица што се под нивен надзор во притвор, силни претпоставки на факти ќе произлезат во однос на повредите што настануваат за време на таквиот притвор. Навистина товарот на докажување може да се смета дека зависи од властите да обезбедат задоволувачко и убедливо објаснување (види Salman v. Turkey [GC], no. 21986/93, § 100, ECHR 2000-VII).
105. Во овој случај не се оспорува дека меѓу неговото апсење попладнето на 20 мај 2005 год. и неговото последователно сместување во болница во 23.37 часот жалителот бил под надзор на ЦБСКК. Исто така е неспорно дека пред неговото апсење жалителот не покажувал некаква посебна абнормалност во неговата нормална физичка состојба (види во параграф 8 горе), но кога ја напуштил полициската станица бил несвесен повеќе од четири часа (види ги параграфите 12-13 горе).
106. Владата тврдеше дека жалителот изгубил свест како резултат на стрес и не бил малтретиран што било демонстрирано со немање модрици на неговото тело. Исто така Владата ги изразила своите сомнежи за дијагнозата утврдена од страна на лекарите од Затворската болница во врска со акутната траума на главата на жалителот и потрес на мозокот.
107. Судот не гледа никаква причина зошто не би и се верувало на дијагнозата. Во таа насока забележува дека дијагнозата била поставена од лекари од Затворската болница. Владата не прикажа никакво спротивно медицинско мислење и во секој случај дијагнозата последователно била потврдена со судско-медицинско испитување од 28 октомври 2005 год. и со извештаите од психијатриските испитувања од 20 септември и 15 ноември 2005 год., двете наложени од домашен суд (види ги параграфите 21-22 горе).
108. Исто така траумата на главата не е единствената повреда на жалителот којашто треба да се земе во предвид. Според медицинското досие од Затворската болница, тој исто така страдал и од болки во бубрезите и имал црвна урина (види ги параграфите 15-16 горе). Владата не претстави никакви докази дека овие симптоми се заради некакви други причини освен неговото наводно малтретирање на 20 мај 2005 год.
109. Фактот дека жалителот немал модрици и други видливи знаци на малтретирање на неговото тело не е убедлив според гледиштето на Судот. Судот е сосема свесен дека постојат методи за примена на сила коишто не оставаат никакви траги на телото на жртвата.
110. Жалителот тврдеше дека неговата состојба на ступор по 20 мај 2005 год. била предизвикана од малтретирањето што го претрпел од рацете на полицајците. Владата ги отфрли таквите тврдења. Судот упатува со степен на загриженост на состојбата на жалителот по неговата средба со полицијата; меѓутоа, со оглед на ограничените докази што ги поседуваше, пред сè немање алтернативен медицински извештај поднесен од жалителот, не е во можност да утврди директна причинско-последична врска меѓу малтретирањето и состојбата на ступор.
111. Врз основа на материјалот презентиран пред него, Судот заклучува дека Владата не го задоволила товарот што го има да го убедат дека повредите на жалителот биле предизвикани од нешто друго, а не од малтретирање за време додека бил притворен од полицијата. Соодветно на тоа, има повреда на членот 3 од Конвенцијата заради тоа што бил подложен на нечовечно и понижувачко постапување.
2. Во врска со наводното отсуство на соодветна медицинска помош додека бил во притвор
112. Судот потсетува дека иако членот 3 од Конвенцијата не може да се толкува во насока дека наметнува општа обврска за ослободување на затвореници по основ на здравствената состојба, во секој случај се наметнува обврска на Државата да ја штити физичката добросостојба на лицата лишени од слобода, на пример со тоа што ќе им се обезбеди потребната медицинска помош (види во Sarban v. Moldova, цитиран горе, § 77).
113. Судот мора да утврди дали жалителот имал потреба од медицинска помош, дали бил лишен од истата како што тврди тој и доколку било така, дали ова довело до постапување спротивно на член 3 од Конвенцијата (cf. Farbtuhs v. Latvia, no. 4672/02, § 53, 2 December 2004).
114. Доказите поднесени од обете страни потврдуваат дека покрај акутната траума на главата и болките во бубрезите, жалителот се чини дека бил во состојба на ступор, многу сериозна медицинска состојба за која е неопходна постојана медицинска нега и ригорозен надзор (види во параграф 22 горе). Се чини дека паднал во оваа состојба веднаш по неговата средба со полицијата на 20 мај 2005 год. и останал во истата до 2 октомври 2005 год. На 24 октомври тој повторно паднал во истата состојба на ступор, а актуелната медицинска состојба на жалителот не е јасна од поднесоците на странките.
115. Судот ги зеде во предвид заклучоците на лекарите Берги и Морару (види ги параграфите 26 и 27 горе) како релевантни со оглед дека спротивно на владините изјави тие се засновани на проверка на медицинското досие од Затворската болница и општите медицински сознанија.
116. Следното нешто што судот го забележа е дека дијагнозата на ступор на жалителот е утврдена дури на 20 септември 2005 год. по извршувањето на психијатриско испитување за првпат (види во параграф 22 горе). До тој датум, медицинската документација од Кардиолошката болница и од Затворската болница упатуваат на неговата состојба како на „синдром на конфузија од непознато потекло“ или како можно симулирање (види во параграфите 14 и 16 горе).
117. Владата тврдеше дека психијатриското испитување било спроведено на време и дека имало административни одлагања поврзани меѓу другото со превозот на жалителот од Затворската болница до Психијатриската болница. Меѓутоа, Судот не може да прифати такви аргументи со оглед на критичната состојба на жалителот и фактот дека психијатриското испитување било наложено за првиот пат не на 3 август 2005 год., како што тврди Владата, туку на 2 јуни 2005 како што произлегува од медицинската документација од Затворската болница (види во параграф 15 горе).
118. Во овој контекст Судот заклучува дека меѓу 20 мај 2005 год. и 20 септември 2005 год. со оглед на недостатокот на некаква јасна дијагноза за состојбата на жалителот, единствената можна медицинска помош за него била да биде одржуван во живот. Меѓутоа, дури и тој заклучок е отворен за сомнеж со оглед на фактот дека меѓу 1 и 15 септември 2005 год. жалителот бил држен во редовен затвор и не постојат докази дека му била дадена некаква медицинска нега. Соодветно на тоа Судот заклучува дека на жалителот не му била обезбедена соодветна медицинска нега до 20 септември 2005 год. Невозможно е да се утврди врз основа на материјалот што е пред него (види во параграф 158 долу) дали лекувањето што следело по дијагнозата на 28 септември 2005 год. било соодветно и доволно.
119. Судот смета дека отсуството на соодветно медицинско лекување довело до повреда на членот 3 од Конвенцијата.
3. Во врска со наводната несоодветност на истрагата
120. Судот потсетува дека кога едно лице ќе даде веродостојно тврдење дека страдало од постапки спротивни на членот 3 од страна на полицијата или други агенти на државата, таа одредба разгледана заедно со општата обврска на државата согласно членот 1 од Конвенцијата „во рамките на својата јуриздикција секому да му обезбеди уживање на правата и слободите што се дефинирани во ... Конвенцијата“, импликативно бара дека треба да постои делотворна официјална истрага. Што се однесува до истрагата согласно членот 2, таквата истрага треба да може да доведе до идентификување и казнување на оние што се одговорни. Исто така, општата законска забрана на мачење и нечовечно и понижувачко постапување и казнување и покрај својата фундаментална важност ќе биде неделотворна во пракса и ќе биде можно во одредени случаи за претставниците на државата да ги злоупотребат правата на оние што се под нивна контрола со наводен имунитет (види, меѓу другите извори, во Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, § 131, ECHR 2000-IV).
121. За истрагата да биде делотворна може генерално да се смета за неопходно за лицата одговорни за истрагата и коишто ја спроведуваат истата да бидат независни од оние што се имплицирани во настаните (види на пр. во Barbu Anghelescu v. Romania, no. 46430/99, § 66, 5 October 2004). Ова значи не само непостоење на хиерархиска или институционална поврзаност туку исто така и практична независност (види ја на пример пресудата во случајот Ergı v. Turkey judgment of 28 July 1998, Reports 1998-IV, §§ 83-84 каде јавниот обвинител што ја истражувал смртта на едно девојче при наводен судир покажал отсуство на независност преку неговото сериозно потпирање на информациите дадени од жандармите имплицирани во инцидентот).
122. Истрагата мора исто така да биде делотворна во смисла дека е способна да доведе до утврдување дали силата што била применета од полицијата била или не била оправдана во дадените околности (види Kaya v. Turkey judgment of 19 February 1998, Reports 1998-I, § 87).
123. Истрагата во врска со сериозните наводи на малтретирање мора да биде темелна. Тоа значи дека властите секогаш мораат да прават сериозни напори за да утврдат што се случило и да не се потпираат на избрзани или погрешно засновани заклучоци за да се затвори нивната истрага или како основа за нивните одлуки (види Assenov and Others v. Bulgaria judgment cited above, § 103 et seq.). Тие мораат да ги преземат сите разумни чекори што им се на располагање за да обезбедат докази во врска со инцидентот, вклучително меѓу другото и сведочења на очевидци и докази на крим-техника (види Tanrıkulu v. Turkey [GC], no. 23763/94, ECHR 1999-IV, § 104 et seq. and Gül v. Turkey, no. 22676/93, § 89, 14 December 2000). Секаков недостаток во истрага кој ја поткопува нејзината способност да ги утврди причините за повредите или идентитетот на лицата кои се одговорни за тоа ќе значи неисполнување на овој стандард.
124. Судот забележува на прво место дека независноста на обвинителот кој ја спровел истрагата, г-динот Катана, била отворена за сомнеж. Тој забележува дека тој бил истиот обвинител кој службено поднел кривично обвинение против жалителот и кој се обратил до Окружниот суд на Бујукани за изречување мерка притвор за жалителот и продолжување на притворот (види во параграф 33 горе).
125. Судот исто така забележува дека г-динот Катана не презел никакви истражни мерки по приемот на жалбата од адвокатот на жалителот. Ова јасно следи од неговата одлука со датум од 8 јуни 2005 год. во која тој изјавува дека за да ја испита жалбата од 31 мај 2005 год. тој непотребно се обидел да се чуе со жалителот во затворот на 25 и 30 мај 2005. Овие изјави се потврдени од судијата Ѓеорѓе Морозан од Окружниот суд на Ришкани во неговата одлука од 23 февруари 2006 год. со која се отфрла жалбата на жалителот.
126. Исто така нема никакви индикации во одлуката од 8 јуни 2006 год. дека медицинското досие на жалителот било прегледано од г-динот Катана или дека дијагнозата на акутна траума на главата била воопшто забележана од него. Ниту пак постои некаква индикација дека докторите биле распрашани за медицинската состојба на жалителот. Навистина, се чини дека единствените истражни мерки преземени од г-динот Катана биле двата неуспешни обиди да разговара со жалителот пред жалбата на жалителот за малтретирање да биде поднесена. Според медицинската документација што ја поседува Судот, жалителот бил во состојба на ступор и не можел да зборува. Судот го смета за особено чуден заклучокот на г-динот Катана дека малтретирањето на жалителот во секој случај би било оправдано со оглед дека се претпоставувало дека тој сакал да употреби пиштол за време на неговото апсење.
127. Во такви околности Судот заклучува дека државните власти не успеале да спроведат соодветна истрага за тврдењата на жалителот за малтретирање и дека соодветно на тоа имало повреда на членот 3 од Конвенцијата и во однос на ова.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
А. Изјаснувања на странките
128. Што се однесува до проблемот на компатибилност на членот 191 од Законикот за кривична постапка со членот 5 § 3 од Конвенцијата Владата се изјасни дека навистина било невозможно за едно лице обвинето за дело кое се казнува со казна затвор подолга од 10 година да биде ослободено додека го чека судењето. Меѓутоа, ослободувањето би било возможно доколку судечкиот суд одлучел да го измени обвинението против обвинетиот со дело што се казнува со казна затвор пократка од 10 години. Исто така покрај ослободувањето согласно член 191 од Законикот за кривична постапка имало можност да се ослободи со кауција во согласност со членот 192 или да се ослободи во замена на лична гаранција или гаранција од организација во согласност со членовите 179, 180 и 195 од Законикот за кривична постапка.
129. Во врска со образложението на одлуките за притвор на жалителот Владата се изјасни дека притворот на жалителот бил неопходен бидејќи бил осомничен дека сторил сериозно дело казниво со казна затвор од 10 до 25 години затвор и дека тој можел да избега, да влијае на сведоци, да го попречи откривањето на вистината и да го повтори делото. Исто така што се однесува до неговите здравствени проблеми тој можеби претпочитал да избега отколку да отслужи казна затвор.
130. Жалителот тврдеше дека во согласност со член 191 од Законикот за кривична постапка, еден судија е обврзан да издаде налог за мерка притвор без разлика на постоењето на причини за притвор доколку за обвинетиот е поднесено обвинение за дело кое се казнува со казна затвор подолга од 10 години и дека не била можна никаква вистинска судска контрола на причините за притворот. Жалителот посочил на образложената пресуда на Пленарниот врховен суд на правдата кој го потврдил овој став.
131. Жалителот се изјасни дека домашните судови не дале никаква причини за неговиот притвор туку само ги повториле во своите одлуки формулациите од правните одредби за притвор. Тие исто така не дале причини за отфрлање на аргументите понудени од неговата одбрана.
132. Жалителот исто така тврдеше дека околностите на актуелниот случај во однос на причините за притвор биле идентични на оние во случајот на Сарбон (цитиран горе) и Бечиев против Молдавија (Becciev v. Moldova, no. 9190/03, 4 October 2005), каде судот утврдил повреда на членот 5 § 3.
133. Исто така притворот на жалителот не бил неопходен затоа што за време на целиот период на неговиот притвор тој бил во состојба на ступор и не можел ни од кревет да стане, а не пак да избега или да се обиде да влијае врз истрагата.
Б. Оценка на Судот
1. Во врска со компатибилноста на членот 191 од Законикот за кривична постапка со членот 5 § 3 од Конвенцијата
134. Судот забележува дека во случајот С.Б.Ц против Обединетото Кралство (S.B.C. v. the United Kingdom no. 39360/98, 19 June 2001) тој утврдил повреда на членот 5 § 3 затоа што англискиот закон не го дозволувал правото на кауција на одредена категорија на обвинети. Судот утврди дека во тој случај можноста за разгледување на какво било ослободување со кауција пред судењето била однапред исклучена од страна на законодавецот.
135. Актуелниот случај е сличен на тој на С.Б.Ц. со тоа дека според членот 191 од молдавскиот Законик за кривична постапка не е можно никакво ослободување додека се чека на судењето за лица обвинети за дела со умисла казниви со казна затвор подолга од 10 години. Се чини дека во овој случај жалителот бил обвинет за такво дело.
136. Аргументот на Владата дека обвинението против обвинетиот теоретски можело да се смени со поблаго обвинение и оттука да му се овозможи да добие ослободување додека го чека судењето не може да биде прифатен од страна на Судот. Првично Судот забележува дека таквата промена не може да се спроведе од страна на истражниот судија кој изрекува и го продолжува налогот за притвор, но само од страна на судечкиот судија откако досието на кривичниот случај ќе се пренесе на судот за проверка на основаноста (види во параграф 67 горе). Второ, и најважно, од С.Б.Ц. следи дека правото да биде ослободен во исчекување на судење не може во принцип да биде исклучено однапред од страна на законодавецот.
137. Што се однесува до аргументот на Владата дека жалителот не можел бара ослободување со кауција или ослободување со лична гаранција или со гаранција на организација, Судот смета дека не е релевантно во овој случај со оглед дека домашната постапка што е во прашање се однесувала само на ослободување додека се чека на судењето.
138. Соодветно на тоа, Судот заклучува дека имало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата со тоа што согласно членот 191 од Законикот за кривична постапка не било можно жалителот да биде ослободен во исчекување на судењето.
2. Во врска со отсуството на доволни причини за притвор на жалителот
139. Судот потсетува дека според вториот дел од членот 5 § 3 едно лице обвинето за дело мора секогаш да биде ослободено во исчекување на судењето освен ако Државата може да покаже дека постојат „релевантни и доволни“ причини за оправдување на неговиот континуиран притвор (Yağcı and Sargın v. Turkey, judgment of 8 June 1995, Series A no. 319‑A, § 52).
140. Исто така домашните судови „мораат да ги испитаат сите факти во прилог или против постоењето на вистински услови за оправдување на јавен интерес, со вистинско почитување на принципот на пресумпцијата на невиност, напуштање на правилото за почитување на слободата на поединецот и да ги вградат во своите одлуки по молбите за ослободување“ (Letellier v. France, judgment of 26 June 1991, Series A no. 207, § 35).
141. Понатамошното постоење на разумен сомнеж дека лицето што е уапсено сторило дело е услов sine qua non за законитоста на континуираниот притвор, но после одреден временски период повеќе не доволен. Во такви случаи Судот мора да утврди дали другите основи посочени од судските власти и понатаму го оправдуваат лишувањето од слобода. Кога таквиот основ е „релевантен“ и „доволен“ Судот мора исто така да дознае дали надлежните национални власти направиле „посебни напори“ во спроведувањето на постапката (види Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, §§ 152‑53, ECHR 2000‑IV).
142. Иако членот 5 § 3 од Конвенцијата „не наметнува обврска врз судијата кој ја разгледува жалбата против притворот да се осврне на секој аргумент содржан во поднесоците на жалителот, неговите гаранции би биле лишени од нивната суштина доколку судијата, потпирајќи се на домашното право и пракса може да ги третира за нерелевантни или да ги отфрли конкретните факти на кои се повикува притвореникот и може да фрли сомнеж на постоењето на услови неопходни за „законитост“ на лишувањето од слобода во духот на Конвенцијата. (Nikolova v. Bulgaria [GC], no. 31195/96, § 61, ECHR 1999‑II). Во овој контекст „аргументите за и против ослободување не смеат да бидат „општи и апстрактни“ (Smirnova v. Russia, nos. 46133/99 and 48183/99, § 63, ECHR 2003‑IX (extracts), Sarban v. Moldova, cited above, § 99).
143. Во овој случај Судот забележа дека и основниот суд и апелациониот суд кога наложиле притвор и продолжување на притворот на жалителот го цитирале релевантниот закон без да дадат причини зошто тие сметале дека тврдењата дека жалителот може да ја попречи постапката, да избега или да го повтори делото се добро засновани. Ниту пак се обиделе да ги побијат аргументите на одбраната на жалителот. Во таа смисла, околностите на овој случај се слични на оние во Бечиев против Молдавија, §§ 61-62 и Сарбан, §§100-101, цитирани горе, во кои овој Суд утврди повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата заради тоа што не биле обезбедени доволно причини од судовите за притворот на жалителите. Со оглед дека Владата не презентираше никакви причини по кои овој случај би се разликувал од гореспоменатите случаи, Судот смета дека истиот пристап треба да се усвои и во овој случај.
144. Во овој контекст Судот смета дека причините на кои се потпирал Окружниот суд во Бујукани и Апелациониот суд во Кишињев во своите одлуки во врска со притворот на жалителот и неговото продолжување не биле „релевантни и доволни“.
145. Соодветно на тоа има повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата во оваа насока.
IV. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
А. Изјаснувања на странките
146. Владата изјави дека откако предметот на случајот на жалителот бил поднесен до судечкиот суд на 23 јули 2005 год. судечкиот суд требало одлучи по сите барања во врска со притворот на жалителот, чиј притвор бил заснован на јасни одредби од законот, имено членовите 186 (2) и (8), 329(1), 351(7) и 345(1) и (4) од ЗКП (види во параграф 65 горе). Ова, и фактот дека притворот на жалителот бил наложен од истражниот судија, а не од обвинител го прави овој случај различен од случајот на Барановски (цитиран горе). Судечкиот суд имал краток временски рок од десет дена да го утврди датумот за прелиминарната расправа (член 345 од ЗКП), а таква расправа одржал на 3 август 2005 год. На сите им било јасно од контекстот на расправата дека жалителот требало да остане во притвор. Дополнително жалителот во секој момент можел да побара свое ослободување доколку сметал дека неговиот притвор е незаконски.
147. Жалителот тврдеше меѓу другото дека меѓу 23 јули и 23 декември 2005 год. бил притворен незаконски бидејќи не бил издаден никаков налог за притвор од судија за тој период. Тој посочи на членот 25 од Уставот според кој лица можат да бидат уапсени само со налог издаден од судија за максимален период од 30 дена и тврдеше дека ситуацијата во актуелниот случај наликува на случајот на Барановски.
Б. Оценка на Судот
148. Судот повторува дека „законитоста“ на притворот според домашниот закон е примарен но не секогаш одлучувачки елемент. Судот мора дополнително да биде задоволен дека притворот во текот на периодот што се разгледува бил компатибилен со целта на членот 5 § 1 којшто треба да ги спречи лицата од тоа да бидат лишени од својата слобода на своеволен начин. Судот мора исто така да утврди дали домашниот закон е усогласен со Конвенцијата вклучително и општите принципи изразени или имплицирани таму (Барановски, цитиран горе, § 51).
149. Во однос на последнава точка Судот нагласува дека кога се работи за лишување од слобода особено е важно да биде задоволен општиот принцип на законска сигурност. Затоа е неопходно условите за лишување од слобода според домашниот закон да бидат јасно дефинирани и самиот закон да биде предвидлив во својата примена, за да го исполни стандардот на „законитост“ утврден со Конвенцијата, стандард којшто бара законот во прашање да биде задоволувачки прецизен за да му дозволи на лицето – доколку е потребно, со соодветен совет – да ги предвиди, до степен што е разумен во околностите, последиците од одредено дејствие (види Steel and Others v. the United Kingdom judgment of 23 September 1998, Reports 1998-VII, § 54)
150. Во овој случај Судот забележува дека после 23 јули 2005 год. никогаш не бил издаден налог за притвор од страна на судот, оодобрувајќи го или продолжувајќи го притворот на жалителот.
151. Владата се повика на неколку членови од Законикот за кривична постапка кои според нив претставуваат законска основа за притвор на жалителот по истекувањето на неговиот налог за притвор од 23 јули 2005 год. (види во параграф 146 горе).
152. Откако ги анализира овие членови, Судот забележа дека ниеден од нив не предвидува притвор за жалителот без налог за притвор. Исто така дури и да се претпостави дека некоја од одредбите на кои се повикува Владата дозволува таков притвор би било спротивно на членот 25 од Уставот, којшто вели со јасен јазик дека притворот е можен само врз основа на налог и дека не може да биде подолг од 30 дена. Ова е потврдено со одредбите од членот 177 од Законикот за кривична постапка (види во параграф 65 горе) кој ги повторува одредбите од членот 25 од Уставот дека притворот може да се примени само врз основа на судски налог.
153. Од горе следи дека притворот на жалителот по истекот на неговиот налог за притвор на 23 јули 2005 год. не бил заснован на законска одредба.
154. Соодветно на тоа имало повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата и во однос на ова.
V. НАВОДНО НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ЧЛЕНОТ 34 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
А. Изјаснувања на странките
155. Жалителот тврдеше дека одбивањето на властите да им дозволат на неговите адвокати и приватен лекар да го посетат и да го погледнат неговото медицинско досие достигнало до попречување на неговиот пристап до Судот. Тој тврдеше дека прегледот од независен лекар бил неопходен за да се утврди причината за неговата состојба по 20 мај 2005 год., неговата актуелна состојба и квалитетот на медицинското лекување добиено во Психијатриската болница. Таков извештај исто така бил корисен за проценка на приближните трошоци за неговото идно лечење на начин сличен на проценката на која се упатува во случајот Микејев против Русија (Mikheyev v. Russia, no. 77617/01, 26 January 2006).
156. Владата тврдеше дека адвокатите на жалителот не поднеле никакво барање до Психијатриската болница за информации во врска со здравствената состојба на жалителот и за медицинската нега што му била обезбедена. Што се однесува до прегледот од приватен лекар Владата повторила дека жалителот ја добил целата неопходна медицинска нега од лекарите во Психијатриската болница. Владата не поднела никакви забелешки во однос на основаноста на жалбата, која била поднесена од жалителот за првпат во неговите забелешки со датум од 31 март 2006 год. Тие дале само општи искази во своите забелешки за правичниот надоместок во смисла дека немало повреда на членот 34 од Конвенцијата.
Б. Оценка на Судот
157. Судот потсетува дека членот 34 од Конвенцијата ја наметнува обврската на државата потписничка да не го попречува правото на поединечна молба. Обврската да не се попречи делотворната примена на правото на поединечна жалба спречува секакво мешање во правото на поединецот да ја поднесе или проследи својата жалба до Судот на делотворен начин (види ги, меѓу другите извори и mutatis mutandis, Akdivar and Others v. Turkey, 16 September 1996, Reports 1996-IV, p. 1219, § 105; Kurt v. Turkey, 25 May 1998, Reports 1998-III, p. 1192, § 159; Tanrıkulu v. Turkey [GC], no. 23763/94, ECHR 1999‑IV; Sarli v. Turkey, no. 24490/94, §§ 85-86, 22 May 2001; и Orhan v. Turkey, no. 25656/94, 18 June 2002).
158. Во овој случај Судот забележува дека суштината на жалбата на жалителот според ова поглавје е тоа дека неговите адвокати сакале медицинската состојба на жалителот да биде утврдена од независен извор, имено приватен лекар. Судот дополнително забележува дека адвокатите на жалителот јасно ги информирале државните властите дека ќе е неопходно тие и лекар да го посетат жалителот и да го видат неговото медицинско досие заради одбрана на неговите права пред Судот (види ги параграфите 60-61 горе). Барањето било разумно според гледиштето на Судот и не се чини дека постоело јавен интерес за да биде одбиено. Исто така Судот забележува дека адвокатите на жалителот не можеле да ги претстават своите забелешки во однос на материјалната штета заради немањето пристап до жалителот и неговото медицинско досие. Судот заклучува дека ова преставувало мешање во правото на жалителот на поединечна жалба, што достигнало до непочитување од страна на тужената Влада на својата обврска согласно членот 34 од Конвенцијата. Соодветно на тоа постоела повреда на оваа одредба.
159. Судот веќе изрази сериозна загриженост во контекст на членот 3 за неможноста на адвокатите на жалителот и на лекарите да добијат пристап до него. Тој смета дека континуираното одбивање на пристап достига сериозно прекршување на членот 3 и ја нагласува потреба тужената Влада веднаш да им овозможи на адвокатите на жалителот и на лекарите итен и неограничен пристап до жалителот и неговото медицинско досие.
VI. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
160. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка овозможува да се направи само делумно обесштетување, Судот, доколку е потребно, ќе и додели на оштетената страна, правичен надоместок.“
А. Материјална отштета
161. Жалителот се изјасни дека со оглед дека на неговите адвокати и на независен лекар не им било дозволено да го посетат и да го видат неговото медицинско досие тој не можел да даде мислење за висината на трошоците на неговото идно медицинско лечење што произлегува од повредата на неговите права според Конвенцијата. Соодветно на тоа тој побара од судот да го резервира ова прашање и да и укаже на Владата во својата пресуда дека на неговите адвокати и независен лекар треба да им дозволи неограничен пристап до неговото медицинско досие и до него.
162. Владата го повтори својот став дека немало повреда на членот 3 и затоа не можело да се разгледува прашањето за материјална отштета.
163. Судот смета дека прашањето на примената на членот 41 во однос на материјалната отштета не е спремно за одлука. Прашањето соодветно мора да биде резервирано и дополнителната постапка земајќи ја во прдвид можноста за постигнување на договор меѓу молдавската Влада и жалителот.
Б. Нематеријална отштета
164. Жалителот побарува 75.000 евра за нематеријална отштета. Тој тврдеше дека страдал од ментално измачување со особено голем интензитет. Тој ги повтори своите изјаснувања за неговото малтретирање, неговата состојба на ступор и отсуството на медицинска помош, неговата неисхранетост заради што изгубил 35 килограми за 99 дена, немањето на истрага во врска со неговата жалба на малтретирање, неговото незаконско лишување од слобода и попречувањето на негов пристап до Судот.
165. Владата не се согласи со износот што го побаруваше жалителот и тврдеше дека тој не успеал да посочи никакви примери на релевантна судска пракса во поддршка на неговото побарување. Тие побараа од судот да ги отфрли побарувањата на жалителот за правичен надоместок во однос на нематеријална отштета.
166. Судот го забележа значителниот број и крајна сериозност на повредите претрпени од жалителот. Неговото малтретирање и неговиот последователен притвор во Затворската болница биле значително влошени од фактот дека властите не спровеле истрага во врска со неговите тврдења за малтретирање и од последователното попречување на пристапот на жалителот до Судот. Тој исто така долго време бил незаконски лишен од слобода после неговиот притвор од три месеци без никаква причина. Правејќи пресметка на правична основа Судот доделува 40.000 евра плус секој данок кој можеби се наплаќа.
В. Трошоци и издатоци
167. Адвокатите на жалителот побарува 139.8 евра за поштарина и 6.683, 25 евра за хонорари за застапување.
168. Што се однесува до трошоците за поштарина тие на Судот му доставија признаници од ДХЛ со кои се докажува исплата на 139.8 евра. Тие тврдеа дека со оглед дека овој случај бил итен според Правилото 41 на Судот, употребата на итна пошта била оправдана.
169. Што се однесува до хонорарите за застапување адвокатите до судот доставија банкарски изводи со кои што се докажува исплатата на целиот износ од 6.683, 25 евра до нив од страна на сопругата на жалителот.
170. Тие исто така поднесоа и копија од договор меѓу нив и сопругата на жалителот според кој хонорарот на час за секој адвокат бил 75 евра. Тие кон договорот приложиле и детални контролни листи со времињата според кои г-динот Нагачевски потрошил 25 часа на случајот, додека г-динот Грибинча потрошил 64,11 часа. Проценката на контролната листа не го вклучува времето потрошено на жалбата во однос на членот 5 § 4 која последователно беше повлечена од жалителот.
171. Тие тврдеа дека бројот на часови што ги потрошиле на случајот не бил претеран и дека бил оправдан заради неговата сложеност и мноштвото детали. Предметот на случајот има околу 800 страници. Времето исто така беше оправдано со постојаните обиди за добивање на пристап до медицинското досие и од фактот дека речиси целата кореспонденција со судот била вршена на странски јазик.
172. Што се однесува до хонорарот на час од 75 евра адвокатите на жалителот тврдеа дека тоа било во рамките на висината на хонорарите препорачани од Молдавската адвокатска комора кои биле меѓу 40-150 евра. Тие поднеле копија од документ за препорачаните хонорари издаден од Адвокатската комора на 29 декември 2005 год.
173. Исто така тие тврдеа дека хонорар од 75 евра на час бил разумен од нивното искуство и од случаите што претходно ги добиле пред Судот. Тие тврделе дека статусот на непрофитна организација на „Адвокати за човекови права“ не претставувал пречка за да им наплатат на своите клиенти. Во оваа насока тие поднесоа дека грантот добиен од нивната организација не бил доволен за покривање дури ни на трошоците за одржување на нивните канцеларии. Тие исто така ги посочија високите животни трошоци во Кишињев и дадоа примери на цени за сместување и бензин.
174. Владата не го оспори износот побаруван за трошоци за поштарина. Меѓутоа не се согласи со износот што се побаруваше за застапување, нарекувајќи го претеран и нереален со оглед на економската состојба во земјата и просечната месечна плата. Иако се согласија со сложеноста на случајот, тие го оспорија бројот на часови работа на адвокатите на жалителот и хонорарите по час што тие ги наплатиле. Тие исто така упатија на непрофитниот карактер на Организацијата „Адвокати за човекови права“ и на фактот дека г-динот Нагачевски исто така бил и адвокат со други извори на приходи покрај застапувањето на клиенти пред Судот.
175. Судот потсетува дека за да бидат вклучени трошоци и издатоци во износот што се доделува во согласност со членот 41 од Конвенцијата мора да се утврди дека истите настанале и дека биле неопходни и дека биле разумни во однос на квантитетот (види на пример Amihalachioaie v. Moldova, no. 60115/00, § 47, ECHR 2004‑...).
176. Во овој случај откако ја разгледа поднесената листа со точки, сложеноста на случајот и важните информации обезбедени од адвокатите, Судот смета дека износите што се побаруваат за трошоци и издатоци всушност неопходно настанале и дека се разумни во однос на нивниот износ. Соодветно на тоа го доделува целиот побаруван износ.
Г. Казнена камата
177. Судот смета дека е соодветно казнената камата да се заснова на маргиналната стапка на позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНА, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ја прогласи жалбата за допуштена;
2. Одлучи дека имало повреда на членот 3 од Конвенцијата заради тоа што жалителот бил подложен на нечовечно и понижувачко постапување на 20 мај 2005 год.;
3. Одлучи дека имало повреда на членот 3 од Конвенцијата заради отсуство на соодветно медицинско лекување меѓу 20 мај 2005 год. и 20 септември 2005 год.;
4. Одлучи дека имало повреда на членот 3 од Конвенцијата заради тоа што не била спроведена делотворна истрага во врска со жалбите на жалителот за тоа дека бил малтретиран од полицијата;
5. Одлучи дека имало повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата во врска со притворот на жалителот без правна основа меѓу 23 јули и 23 декември 2005 год.;
6. Одлучи дека имало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата затоа што немало доволно причини жалителот да се држи во притвор меѓу 23 мај и 23 јули 2005 год.;
7. Одлучи дека имало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата со тоа што согласно членот 191 од Законикот за кривична постапка не било можно жалителот да биде ослободен додека го чекал судењето;
8. Одлучи дека тужената држава не се придржувала до својата обврска согласно член 34 од Конвенцијата;
9. Одлучи
(а) дека тужената држава мора да им обезбеди на адвокатите и лекарите на жалителот итен и неограничен пристап до жалителот и неговото медицинско досие;
(б) дека тужената држава треба да му плати на жалителот во рок од три месеци од датумот на кој пресудата станува конечна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата 40.000 евра (четириесет илјади евра) по основ на нематеријална отштета и 6.823 евра (шест илјади осумстотини дваесет и три евра) по основ на трошоци и издатоци конвертирани во националната валута на тужената држава според курсот што ќе важи на датумот на исплатата плус секаков данок што можеби се наплаќа.
(в) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата простата камата ќе се плаќа на гореспоменатите износи по стапка еднаква на маргиналната стапка на позајмување на Европската централна банка за време на казнениот период плус три процентни поени;
10. Одлучи дека прашањето на примената на членот 41 од Конвенцијата во однос на материјалната отштета не е спремно за одлука.
соодветно на тоа,
(а) го резервира споменатото прашање;
(б) ја повикува молдавската Влада и жалителот во рок од наредните три месеци да поднесат писмени забелешки во однос на ова прашање и пред сè да го информира Судот доколку постигнат некаков договор;
(в) ја резервира понатамошната постапка и му доделува на претседателот на Судскиот совет овластување да го потврди истиот доколку е потребно.
Изготвена на англиски јазик, и доставена на писмено на 11 јули 2006 година, согласно Правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Т.Л. ИрлиНиколас Браца
Секретар Претседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012 [или годината што следи].
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012 [or subsequent year].
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012 [ou année suivante]
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy