© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012 година. Овој превод е нарачан со поддршка од Повереничкиот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За повеќе информации видете го целосното известување за авторските права на крајот на документот.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyrights/droits d’auteur à la fin du présent document.
ВТОР ОДДЕЛ
ПРЕДМЕТ BUKTA И ОСТАНАТИТЕ против УНГАРИЈА
(Жалба бр. 25691/04)
ПРЕСУДА
Оваа верзија беше исправена на 25 септември 2007 во согласност со Правилото 81 од Деловникот на Судот
СТРАЗБУР
17 јули 2007 година
КОНЕЧНА
17/10/2007
Во предметот Bukta и останатите против Унгарија,
Европскиот суд за човекови права (Втор оддел), заседавајќи како Совет составен од следниве судии:
Françoise Tulkens, Претседател на Судот,,
András Baka,
Ireneu Cabral Barreto,
Vladimiro Zagrebelsky,
Antonella Mularoni,
Danutė Jočienė,
Dragoljub Popović, судии,
и Sally Dollé, Секретар на Одделот,
По заседавањето без присуство на јавноста на 26 јуни 2007 година,
Ја изрекува следнава пресуда, што беше донесена на тој датум:
ПОСТАПКА
1. Предметот започнува со жалба (бр. 25691/04) против Република Унгарија, поднесена пред Судот во согласност со член 34 на Конвенцијата за заштита на човековите права и на основните слободи („Конвенцијата“) од страна на тројца унгарски државјани, г-ѓа Dénesné Bukta, г. Ferdinánd Laczner и г. Jánosné Tölgyesi („жалители на жалбата“) на 13 април 2004 година.
2. Жалителите беа застапувани од г. L. Grespik, адвокат што работи во Будимпешта. Унгарската Влада („Владата“) беше застапувана од својот Застапник, г. L. Hötzl, Министерство за правда и спроведување на законот.
3. Жалителите тврделе дека нивниот мирен собир бил распуштен од страна на полицијата во спротивност со членовите 10 и 11 на Конвенцијата.
4. На 4 септември 2006 година Судот одлучил да ја извести Владата за жалбата. Во согласност со одредбите од член 29 § 3 на Конвенцијата, тој одлучил да ја испита основаноста на жалбата во исто време со нејзината допуштеност.
ФАКТИЧКА СОСТОЈБА
5. Жалителите се унгарски државјани, родени во 1943, 1945 и 1951 година, соодветно и живеат во Будимпешта.
А. Околностите на предметот
6. Фактичката состојба на предметот, согласно со поднесокот на страните, може да се резимира како што следува.
7. На 1 декември 2002 година романскиот премиер бил во службена посета на Будимпешта и организирал прием по повод романскиот национален празник, со кој се обележува Народното собрание на Ѓулафехервар од 1918 година (Gyulafehérvár National Assembly), кога бил прогласен преносот на дотогаш унгарска Трансилванија на Романија.
8. Унгарскиот премиер одлучил да присуствува на приемот и јавно ја објавил таквата намера дента што му претходела на настанот.
9. Жалителите сметале дека унгарскиот премиер треба да се воздржи од присуствувањето на приемот, со оглед на негативното значење на Народното собрание Ѓулафехервар за унгарската историја. Оттаму, тие одлучиле да организираат демонстрации пред хотелот Кемпински во Будимпешта каде што требало да се одржи приемот. Тие не ја информирале полицијата за своите намери.
10. Во попладневните часови на 1 декември 2002 година, приближно 150 луѓе, вклучувајќи ги жалителите, се собрале пред хотелот. Полицијата била присутна, исто така. Се кренала голема врева, по што полицијата одлучила да го растури собирот, сметајќи дека тој претставува ризик за безбедноста на приемот. Полицијата ги присилила демонстрантите да се повлечат во еден парк во близина на хотелот, од каде, по некое време, тие се распрскале.
11. На 16 декември 2002 година жалителите побарале судско разгледување на постапките на полицијата и побарале од Централниот окружен суд во Пешта да ги прогласи таквите постапки за незаконски. Тие тврделе дека протест бил мирен во целост и дека неговата единствена цел била да се изрази нивното мислење. Покрај тоа, жалителите нагласиле дека очигледно било неможно да се информира полицијата за собирот три дена однапред, како што се бара со Законот бр. III од 1989 година за правото на собирање („Законот за собирање“), бидејќи премиерот ја објавил својата намера да присуствува на приемот претходниот ден.
12. На 6 февруари 2003 година Окружниот суд ја отфрлил тужбата на жалителите. Во врска со околностите на настанот, судот забележал дека демонстрациите биле распуштени откако се слушнала помала детонација.
13. Окружниот суд укажал, исто така, дека временскиот рок од три дена за информирање на полицијата за планираниот собир не можело да се почитува ако демонстрациите произлегуваат од настан што се случил помалку од три дена претходно. Според мислењето на судот, можните недостатоци на Законот за собирање не може да се поправаат од страна на судовите. Оттаму, должноста за информирање на полицијата за таквите средби се применува за сите видови демонстрации, вклучувајќи ги спонтаните. Судот забележал, исто така, дека можеби постои потреба за попрецизни и пософистицирани прописи во врска со таквите настани, но и укажал дека ова е работна задача за законодавецот, а не за судовите.
14. Судот, исто така, утврдил дека обврската за претходно информирање на полицијата за јавните собири служи за заштита на јавниот интерес и правата на останатите, имено, слободниот проток на сообраќајот и правото на слобода на движење. Судот забележал дека организаторите на демонстрациите дури не се ни обиделе да ја известат полицијата. Окружниот суд понатаму вели:
„... во согласност со соодветните одредби на домашното законодавство во сила, фактот што некој собир е мирен сам по себе не е доволен за пропуштањето на должноста за информирање на полицијата. ... Судот не расправаше за прашањето дали собирот бил мирен или не, бидејќи непостоењето на известување го прави таквиот собир незаконски per se и, оттаму, туженикот го распуштил таквиот собир законски, во согласност со член 14(1) на Законот за собирање.“
15. Жалителите поднеле жалба. На 16 октомври 2003 година Регионалниот суд во Будимпешта ја потврдил првостепената одлука. Тој изменил дел од образложението на Окружниот суд, испуштајќи ги забелешките во врска со можните недостатоци на релевантното домашно законодавство. Покрај тоа, Регионалниот суд утврдил, упатувајќи, inter alia, на судската практика на Судот и на одлуката бр. 55/2001. (XI. 29.) на Уставниот суд:
„... во примената на релевантното домашно законодавство, приодот е очигледно меродавен со оглед на тоа што не постои ослободување од обврската за известување и, според тоа, не се прави разлика меѓу собири што се „најавени“ и „спонтани“ собири – вториве се незаконски поради непочитувањето на горенаведената обврска за известување.“
16. Накратко, Регионалниот суд утврдил дека ограничувањата што биле наметнати на жалителите биле неопходни и сразмерни.
17. Жалителите поднеле жалба за ревизија на одлуката што Врховниот суд ја отфрлил на 24 февруари 2004 година, без да ја испитува нејзината основаност, бидејќи таа била некомпатибилна ratione materiae со релевантните одредби на Законикот за граѓанска постапка.
Б. Релевантно домашно право
18. Член 62 на Уставот го гарантира правото на слободата за мирно собирање и го неговото слободно остварување.
19. Член 6 на Законот за собирање бара полицијата да се информира за собирот најмалку три дена пред денот на одржување на собирот.
20. Член 14(1) на Законот за собирање бара од полицијата да ги распушти (feloszlatja) сите собири што се одржуваат без претходно известување.
21. Член 14(3) на Законот за собирање предвидува дека ако некој собир се распушти, учесниците во собирот може да бараат судско разгледување на таа одлука во рок од петнаесет дена.
ПРАВО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 11 НА КОНВЕНЦИЈАТА
22. Жалителите се жалеле дека нивните мирни демонстрации биле распуштени единствено поради непостоењето на претходно известување, во спротивност со член 11 на Конвенцијата, чиишто релевантни делови гласат:
„1. Секој човек има право на слобода на мирно собирање ...
2. Остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни ... заштитата на редот и спречувањето на злосторства, ... или заштитата на правата и слободите на другите. ...”
А. Допуштеност
23. Судот забележува дека жалбата не е очигледно неоснована во смисла на член 35 § 3 на Конвенцијата. Судот дополнително забележува дека таа не е недопуштена врз какви било други основи. Според тоа, жалбата мора да се прогласи за допуштена.
Б. Основи
Дали имало попречување на уживањето на слободата за мирно собирање
24. Владата не го оспорува фактот дека жалителите можеле да се повикаат на гаранциите што се содржани во член 11; ниту пак одрекува дека растурањето на демонстрациите го попречувало правото на остварување на правата на жалителите согласно таа одредба. Судот не гледа причина да смета поинаку. Меѓутоа, Владата приговори дека попречувањето било оправдано во согласност со вториот став на член 11.
2. Дали било оправдано попречувањето
25. Според тоа, мора да се утврди дали обжалената санкција била „пропишана со закон“, предизвикана од една или повеќе од легитимните цели што се утврдени во став 2, и дали била „неопходна во демократско општество“ за постигнување на таквите цели.
(а) „Пропишана со закон“
26. Не споел спор меѓу страните дека наметнатото ограничување на слободата на мирно собирање на жалителите било засновано врз член 14 на Законот за собирање, кој има јасна формулација. Оттаму, барањето за предвидливост било задоволено. Судот не гледа никаква причина за отстапување од ставот на страните.
(б) „Легитимна цел“
27. Жалителите не го адресирале ова прашање.
28. Владата предложи дека ограничувањата на правото на мирно собирање на јавни места служело за заштита на правата на другите, на пример на правото на слобода на движење или редовното одвивање на сообраќајот.
29. Владата дополнително тврдела дека слободата на мирно собирање не може да се сведе само на обична обврска на Државата да не се меша. Во определени околности треба да се применат позитивни мерки за осигурување дека собирањето ќе биде мирно. Оттаму, тридневниот временски рок бил неопходен за да и се овозможи на полицијата, inter alia, да се координира со останатите власти, да ги прераспореди полициските сили, да обезбеди присуство на противпожарните единици и да ги отстрани возилата. Тие укажале на фактот што ако повеќе организации ги известат властите за своите намери за одржување демонстрации на исто место и во исто време, можеби ќе бидат потребни дополнителни преговори.
30. Со оглед на овие размислувања, Судот е убеден дека обжалената мерка била спроведена за исполнување на легитимните цели за спречување на нереди и заштита на правата на другите.
(в) Неопходно во демократско општество
31. Жалителите тврделе дека нивниот спонтан собир бил мирен и дека бил распуштен единствено поради тоа што полицијата не била претходно известена, во согласност со член 14 на Законот за собирање. Таквата мерка не можела да се оправда со фактот што била слушната помала детонација; доколку се смета поинаку, со тоа ќе и се овозможи на полицијата да распушти каков било собир врз тие основи, без какво било дополнително образложение.
32. Владата тврдела дека собирот на жалителите бил растурен не поради тоа што немало претходно известување, туку поради детонацијата, што полицијата ја класификувала како безбедносен ризик за државните функционери што биле присутни во хотелот Кемпински.
33. Судот забележува дека став 2 на член 11 им дава право на Државите да изрекуваат „законски мерки за ограничување“ на остварувањето на правото на слобода на собирање.
34. Судот смета, во одлуките на домашните судови во врска со законитоста на настаните, дека правната основа за растурањето на собирот на жалителите лежи исклучиво во непостоењето на претходно известување. Судот ја заснова својата одлука за прогласување на полициските мерки за законити исклучиво врз основа на тој аргумент и не ги зема предвид останатите аспекти на предметот, особено, мирниот карактер на настанот.
35. Судот повторува дека подложувањето на јавните собири на постапка за претходно одобрение вообичаено не ја повредува суштинана на правото (видете Rassemblement Jurassien and Unité Jurassienne v. Switzerland, бр. 8191/78, Одлука на Комисијата од 10 октомври 1979 година, Одлуки и извештаи 17). Меѓутоа, во околностите на овој предмет, неинформирањето на јавноста доволно време однапред за намерите на премиерот да присуствува на приемот ги ограничило можностите на жалителите на целосно одрекување од своето право на мирен протест, или на остварување на таквото право спротивно на административните барања.
36. Според мислењето на судот, во посебни околности кога може да биде оправдана итна реакција, во вид на демонстрации, на определен политички настан, одлуката за растурање на претстојниот мирен протест единствено поради непостоењето на бараното претходно известување, без какво било незаконско однесување на учесниците, претставува несразмерно ограничување на слободата за мирно собирање.
37. Во врска со ова, Судот забележува дека не постојат докази што сугерираат дека жалителите претставувале опасност за јавниот ред надвор од малите нарушувања што се неизбежна појава на собирите на јавните места. Судот повторува дека, „кога демонстрантите не вршат насилни дејствија, важно е за јавните власти да покажат определен степен на толеранција кон мирните собири со цел слободата на собирање што се гарантира со член 11 на Конвенцијата да не се лиши од целата своја суштина“ (видете Oya Ataman v. Turkey, бр. 74552/01, §§ 41‑42, ЕСЧП 2006-XIV).
38. Земајќи ги предвид претходните прашања, Судот смета дека растурањето на мирниот собир на жалителите не може да се смета за неопходно во демократско општество за исполнување на легитимните цели.
39. Согласно со тоа, постои повреда на член 11 на Конвенцијата.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 10 НА КОНВЕНЦИЈАТА
40. Жалителите се повикуваат на член 10 на Конвенцијата, кој предвидува:
„1. Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации и идеи без мешање од јавните власти и без оглед на границите. ...
2. Остварувањето на овие слободи, што вклучува обврски и одговорности, може да биде предмет на формалности, услови, ограничувања или санкции што се предвидени со закон и се неопходни мерки во демократското општество, ... за спречувањето на нереди и злосторства, ... [или] за заштитата на ... правата на другите ...“
41. Судот смета дека, со оглед на утврдувањето на постоењето на повреда на член 11 на Конвенцијата во околностите на овој предмет (видете став 39 погоре), не е потребно посебно да се разгледува жалбата на жалителите врз основа на член 10 (видете Ezelin v. France, 26 април 1991 година, § 35, Серија A бр. 202).
III. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
42. Член 41 на Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумно отстранување на последиците на таквата повреда, Судот, доколку е тоа потребно, и овозможува правично обесштетување на оштетената страна.“
А. Отштета
43. Сите жалители побарале по 10.000 евра (ЕУР) во однос на нематеријалната штета.
44. Владата заклучила дека барањата на жалителите се прекумерни.
45. Судот смета дека утврдувањето на повредата претставува доволно правично обесштетување за сите нематеријални штети што можеле да ги претрпат жалителите.
Б. Судски и други трошоци
46. Жалителите, исто така, побарале и општ износ од 2.000 евра за поднесените трошоци пред Судот.
47. Владата заклучила дека барањето на жалителите е прекумерно.
48. Во согласност со судската практика на Судот, жалителот има право на надоместување на трошоците единствено ако се покаже дека таквите трошоци биле вистински и неопходно поднесени и дека се оправдани во поглед на нивниот износ. Во овој предмет, земајќи ги предвид информациите што ги поседува и горенаведените критериуми, Судот смета дека е разумно да им го додели бараниот износ од 2.000 евра на жалителите, заеднички.
В. Затезна камата
49. Судот смета дека е соодветно затезната камата да се пресметува врз основа на маргиналната каматна стапка на Европската централна банка, на која треба да и се додадат три процентни поени.
ПОРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ја прогласува жалбата за допуштена;
2. Заклучува дека постои повреда на член 11 на Конвенцијата;
3. Заклучува дека нема потреба за посебно разгледување на жалбата врз основа на член 10 на Конвенцијата;
4. Заклучува дека утврдувањето на повредата претставува доволно правично обесштетување за сите нематеријални штети што можеле да ги претрпат жалителите;
5. Заклучува
(а) дека тужената Држава треба на жалителите заеднички да им исплати, во рок од три месеци по денот на кој пресудата станува конечна и правосилна во согласност со член 44 § 2 на Конвенцијата, износ од ЕУР 2.000 (две илјади евра) во врска со судските трошоци, што треба да се претвори во националната валута на тужената Држава според важечкиот девизен курс на денот на плаќањето, зголемен за какви било даноци што може да се плативи;
(б) дека од истекувањето на претходно наведениот рок од три месеци до исплатата се пресметува проста камата на горенаведениот износ по стапка еднаква на маргиналната каматна стапка на Европската централна банка во текот на периодот на доцнење на исплатата, зголемена за три процентни поени;
6. Го одбива остатокот од барањето на жалителите за правично обесштетување.
Изготвено на англиски јазик и доставено во писмена форма на 17 јуни 2007 година, во согласност со Правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Сали Долe (Sally Dollé)Франсоаз Тулкенс (Françoise Tulkens)
СекретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012 година.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот јазик. Овој превод е нарачан со поддршка од Повереничкиот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не е обврзувачки за Судот, ниту пак Судот презема каква било одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се преземе од HUDOC базата на податоци за судската практика на Европскиот суд за човекови права () или од кој било друга база на податоци на која што Судот го има отстапено преводот. Преводот може да се репродуцира за некомерцијални цели под услов ако се цитира целосниот наслов на предметот, заедно со ова известување за авторските права и упатување до Повереничкиот фонд за човекови права. Ако се планира да се искористи кој било дел од преводот за комерцијални цели, ве молиме обратете се кај publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of the translation for commercial purpose, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle put être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy