© This translation was done by the Academy for Judges and Public Prosecutors of the Republic of Macedonia: . Permission to re-publish this translation has been granted for the sole purpose of its inclusion in the Court’s database HUDOC.
© Овој превод е изготвен при “Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија”: . Судот доби дозвола повторно да го објави овој превод единствено за да го вклучи во својата база на податоци: HUDOC.
СОВЕТ НА ЕВРОПА
ЕВРОПСКИ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА
ЧЕТВРТИ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ: CASTRAVET против МОЛДАВИЈА
(Апликација бр. 23393/05)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
13 март 2007 година
КОНЕЧНА
13/06/2007 година
Оваа пресуда станува конечна во согласност со околностите предвидени во член 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Castraveţ против Молдавија,
Европскиот суд за човекови права (Четврти оддел), заседавајќи како Голем судски совет составен од:
Сер Nicolas BRATZA, Претседател,
г. Ј. CASADEVALL,
г. G. BONELLO,
г. К. TRAJA,
г. S. PAVLOVSCHI,
г. L. GARLICKI,
г-ѓа L. MIJOVIĆ, судии,
како и г. T.L. EARLY, Секретар на Одделот,
Расправајќи на затворена седница на 20 февруари 2007 година,
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалбата (бр. 23393/05) против Република Молдавија поднесена до Судот во согласност со член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на г. Andrei Castraveţ („жалителот“), на 27 јуни 2005 година.
2. Жалителот беше застапуван од страна на г. Vitalie Nagacevschi, адвокат кој работи во Кишинев и член на невладината организација „Адвокати за човекови права“. Владата на Република Молдавија („Владата“) беше застапувана од својот агент, г. Vitalie Pârlog.
3. Жалителот изјави жалба врз основа на член 5 од Конвенцијата, тврдејќи дека неговото задржување во притвор било неразумно и дека тој не можел да се состане со неговите адвокати насамо.
4. Жалбата беше доделена на Четвртиот оддел. На 8 септември 2005 година, Претседателот на Четвртиот оддел одлучи да ја проследи жалбата до Владата. Врз основа на одредбите на член 29 § 3 од Конвенцијата, беше одлучено да се испита основаноста на жалбата истовремено со нејзината допуштеност.
5. И жалителот и Владата доставија писмени забелешки во врска со допуштеноста и основаноста на жалбата (правило 59 § 1).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
6. Жалителот е роден во 1946 година и живее во Кишинев.
7. На 25 мај 2005 година, жалителот бил лишен од слобода од страна на Центарот за борба против економски криминал и корупција (CFECC) под обвинение за проневера. Тој завршил универзитетски студии, немал криминално досие, бил вработен и имал постојано живеалиште.
8. На 27 мај 2005 година, Истражниот судија од Окружниот суд во Buiucani, издаде налог за негово задржување во притвор во времетраење од 10 дена. Причините наведени од страна на Судот за издавање на налогот биле следниве:
„Кривичната постапка беше поведена во согласност со применливите закони. [Жалителот] е осомничен за сторено тешко кривично дело за кое законот предвидува казна затвор во времетраење од повеќе од две години; изнесените докази пред судот биле прибавени законски; неопходна е изолација на осомниченото лице од општеството; лицето може да им побегне на надлежните органи за спроведување на законот или на судот; лицето може да го попречи утврдувањето на вистината во кривичната истрага или повторно да изврши некое друго кривично дело.“
9. Жалителот изјави жалба против оваа одлука тврдејќи, меѓу другото, дека сомнението против него е неосновано, дека тој немал никаква намера да избега или да ја попречи истрагата на било кој начин и дека бил подготвен да соработува со истражниот орган.
10. На 1 јуни 2005 година, жалбата на жалителот беше отфрлена од страна на комисијата составена од тројца судии од Апелациониот суд во Кишинев.
11. На 3 јуни 2005 година, Окружниот суд во Buiucani го продолжи притворот на жалителот за уште 30 дена. Судот оцени дека притворот бил неопходен поради тоа што:
„[Жалителот] е осомничен за сторено многу тешко кривично дело, постои опасност дека тој може да изврши притисок врз сведоците или да не биде на дофат на надлежните органи за спроведување на законот, и дека постои континуирана потреба лицето да биде изолирано од општеството.“
12. Жалителот изјави жалба против оваа одлука и ги достави истите оние аргументи кои беа наведени во неговата прва жалба.
13. На 9 јуни 2005 година, Апелациониот суд во Кишинев ја отфрли жалбата на жалителот без да се повика на ниту еден нов аргумент.
14. Задржувањето на жалителот во притвор беше продолжено на истата основа до 11 октомври 2005 година, кога тој беше ослободен од притвор.
15. Жалителот беше притворен во казнено-поправниот центар на CFECC. Просторијата која се користи за средби меѓу адвокатите и притворените лица има стаклена преграда која ги одвојува едни од други.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ЗАКОНОДАВСТВО И ПРАКСА
А. Задржување во притвор
16. Релевантното домашно законодавство кое се однесува на задржувањето во притвор беше наведено во пресудата на Судот за случајот Sarban против Молдавија, бр. 3456/05, § 52, од 4 октомври 2005 година.
Б. Доверливост на комуникациите меѓу адвокатот и клиентот во казнено-поправниот центар во рамките на CFECC
17. Се чини од фотографиите доставени од страна на Владата дека во просторијата за средби меѓу адвокатите и клиентите во казнено-поправниот центар во рамките на CFECC, делот за притворените лица е одвоен од останатиот дел на просторијата со врата и прозорец. Прозорецот се чини дека е направен од два споени стаклени панели. И двата панели се со мали дупчиња, издупчени со дупчалка, но дупките не се совпаѓаат една со друга, така што ништо не може да се пренесе преку прозорецот. Покрај тоа, поставена е и густа зелена мрежа направена од тенка жица или од пластика меѓу стаклените панели, која го препокрива издупчениот дел од прозорецот. Се чини дека нема простор за подавање на документи меѓу адвокатот и неговиот клиент.
18. Домашните судови одлучуваа по жалбите во врска со недостатокот на доверливост во просторијата за средби меѓу адвокатите и клиентите во рамките на CFECC во случаите Modârcă (апликација бр. 14437/05) и Sarban (цитиран погоре). На 2 ноември 2004 година, судијата од Окружниот суд во Buiucani издаде наредба до органите на CFECC да ја отстранат стаклената преграда која ги одвојува адвокатите од нивните клиенти, но органите на CFECC одбија да ја испочитуваат судската наредба. На 3 декември 2004 година, истиот судија ја поништи одлуката од 2 ноември 2004 година, тврдејќи дека во меѓувреме таа била информирана од страна на органите на CFECC дека не биле поставени уреди за снимање во ѕидот кој ги одвојува адвокатите од нивните клиенти и дека ѕидот бил потребен за да се осигура безбедноста на притворените лица.
На 15 февруари 2005 година, адвокатот на г. Sarban повторно изјавил жалба до Окружниот суд во Buiucani врз основа на член 5 § 4 од Конвенцијата, тврдејќи дека тој не можел да се сретне со неговиот клиент во услови на доверливост. На 16 февруари, истиот судија од Окружниот суд во Buiucani ја отфрлил жалбата без да ја испита истата, при што таа се повикала на нејзината претходна одлука од 3 декември 2004 година.
19. Во периодот меѓу 1 и 3 декември 2004 година, Адвокатската комора на Република Молдавија одржа штрајк, одбивајќи да присуствува на сите постапки кои се воделе во врска со лицата задржани во притвор во казнено-поправниот центар во рамките на CFECC се додека управата не се согласи да им обезбеди на адвокатите простории за доверливи средби со нивните клиенти. Барањата на Адвокатската комора беа одбиени (види Sarban, цитиран погоре, § 126).
20. На 26 март 2005 година, Адвокатската комора на Република Молдавија одржа состанок на кој Претседателот на Адвокатската комора и еден од адвокатите ги информираа присутните дека учествувале, заедно со претставниците од Министерството за правда, во комисија која извршила контрола на казнено-поправниот центар во рамките на CFECC. За време на контролата, тие побарале стаклениот ѕид да биде отстранет за да се утврди дека не се поставени уреди за прислушување. Тие истакнале дека би било потребно да се отстранат само неколку завртки и предложиле сите трошоци поврзани со проверката да бидат покриени од страна на Адвокатската комора. Управата на CFECC го отфрли овој предлог.
В. Препорака Rec(2006) 2 на Комитетот на министри до земјите членки во врска со Европските затворски правила
21. Препораката Rec(2006)2 на Комитетот на министри до земјите членки во врска со Европските затворски правила (усвоена од страна на Комитетот на министри на 11 јануари 2006 година на 952-иот состанок на замениците-министри), доколку е релевантна, гласи:
„23.1 Сите затвореници имаат право на правен совет, а затворските управи се должни да им обезбедат разумни олеснителни околности за добивање пристап до таков совет. ...
23.4 Консултациите и другите видови комуникации, вклучувајќи ја и кореспонденцијата во врска со правните прашања, меѓу затворениците и нивните правни советници, се доверливи....
23.6 Затворениците имаат пристап до, или може да чуваат кај себе, документи кои се однесуваат на нивната судска постапка.“
ПРАВО
22. Жалителот изјави жалба дека неговото задржување во притвор не било засновано на „релевантни и доволни“ причини. Материјалниот дел од член 5 § 3 гласи:
„Секој кој е лишен од слобода или е притворен во согласност со одредбите од став 1 (в) на овој член ... има право да му биде судено во разумен рок или да биде пуштен на слобода се до отпочнувањето на судската постапка. Пуштањето на слобода може да биде условено со давање гаранција дека лицето ќе се појави на судењето.“
23. Жалителот, исто така, изјави жалба врз основа на член 8 од Конвенцијата дека разговорите со неговиот адвокат се водат преку стаклен ѕид и дека истите се прислушуваат или можеби се снимаат и дека органите не успеале да обезбедат соодветни услови за приватни разговори со неговиот адвокат. Судот, кој е вешт за карактеризација на фактите на случајот според законот (види Guerra и други против Италија, пресуда од 19 февруари 1998 година, Извештаи за пресуди и одлуки 1998-I, § 44), одлучи да го испита проблемот покренат од страна на жалителот врз основа на член 5 § 4 од Конвенцијата и да добие поднесоци од страните во врска со тоа.
Релевантниот дел од член 5 § 4 гласи:
„Секој кој е лишен од слобода со апсење или притворање има право да поведе постапка пред судот за утврдување на законитоста на неговиот притвор во најкус можен рок, кој ќе издаде наредба за негово ослободување, доколку лицето било незаконски притворено.“
I. ДОПУШТЕНОСТ НА ЖАЛБИТЕ
24. Владата не поднесе никаков формален приговор во однос на допуштеноста на жалбата. Сепак, Владата се произнесе во своите писмени забелешки во врска со основаноста на случајот дека жалителот не се пожалил до управата на казнено-поправниот центар за кршење на неговите права. Тоа покажува, според мислењето на Владата, дека жалителот не сметал дека неговите права биле прекршени.
25. Доколку оваа изјава може да се смета за приговор во врска со неуспехот на жалителот да ги искористи домашните правни лекови, Судот истакна дека другите притворени лица од истиот казнено-поправен центар повеле жалбени постапки во врска со недостатокот на доверливост меѓу адвокатите и клиентите, но и дека жалбата била отфрлена како неоснована од страна на Судот на 3 декември 2004 година и на 16 февруари 2005 година (види став 18 погоре). Имајќи ја предвид таа одлука, како и сличностите меѓу жалбите, беше разумно за адвокатот кој го застапува жалителот да смета дека поднесувањето на слична жалба не би имала изгледи за успех. Оттука, приговорот би требало да биден отфрлен.
26. Имајќи ги предвид поднесоците и материјалите доставени од страните, Судот смета дека жалбите на жалителот отвораат прашања на факти и закон кои се доволно сериозни така што нивното утврдување би зависело од испитувањето на основаноста, а не биле утврдени основи за истите да бидат прогласени за недопуштени. Оттука, Судот ги прогласи овие жалби за допуштени. Во согласност со својата одлука за примена на член 29 § 3 од Конвенцијата (види став 4 погоре), Судот веднаш ќе ја разгледа основаноста на овие жалби.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 5 § 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
А. Произнесувања на страните
27. Владата се произнесе дека притвор на жалителот бил неопходен бидејќи тој бил осомничен за сторено тешко кривично дело. Кривичниот предмет против него бил многу сложен и ако тој би бил ослободен, би можел да ги уништи доказите, да влијае на сведоците или пак да избега.
28. Жалителот изјави жалба дека одлуките со кои се издава наредба за негово задржување во притвор не биле засновани на релевантни и доволни причини, туку само на декларативна и стереотипна основа. Покрај тоа, судовите не успеале да ги проценат аргументите на неговата одбрана, како во жалбените барања, така и усните за време на рочиштата.
Б. Оценка на Судот
29. Членот 5 од Конвенцијата, како и членовите 2, 3 и 4, се во првиот ранг на основните права кои ја штитат физичката безбедност на поединецот (види ја, на пример, неговата поврзаност со членовите 2 и 3 во случаите на исчезнување - Kurt против Турција, пресуда од 25 мај 1998 година, Извештаи за пресуди и одлуки 1998-III, § 123) и, како таков, неговото значење е огромно. Неговата главна цел е да спречи произволно или неоправдано лишување од слобода (види, на пример, Lukanov против Бугарија, пресуда од 20 март 1997 година, Извештаи 1997-II, § 41; Assanidze против Грузија [GC], бр. 71503/01, § 171, ЕСЧП 2004-II, § 46; Ilaşcu и други против Молдавија и Русија [GC], бр. 48787/99, § 461, ЕСЧП 2004-VII).
30. Пресумпцијата е во корист на ослободувањето. Како што е утврдено во Neumeister против Австрија (пресуда од 27 јуни 1968 година, Серија А, бр. 8, стр. 37, § 4), вториот аспект на член 5 § 3 не им дава на судските органи можност за избор меѓу доведување на обвинетото лице на судење во разумен рок или одредување на условно ослободување се до отпочнувањето на судската постапка. Се до обвинението, лицето мора да се смета за невино, а целта на одредбата која е предмет на разгледување е, во суштина, да се побара негово условно ослободување веднаш штом неговиот продолжен притвор ќе престане да се смета дека е разумен (McKay против Велика Британија [GC], бр. 543/03, § 41, EСЧП 2006 - ...).
31. Постоењето на основано сомнение дека лицето кое е лишено од слобода сторило кривично дело е услов sine qua non за законитоста на продолжениот притвор, но по одреден временски период, тој не е доволен. Во вакви случаи, Судот мора да утврди дали другите основи дадени од страна на судските органи и натаму го оправдуваат лишувањето од слобода. Во оние случаи каде што таквите основи се „релевантни“ и „доволни“, Судот исто така мора да утврди дали надлежните национални органи посветиле „посебно внимание“ во водењето на постапката (види Labita против Италија [GC], бр. 26772/95, § § 152 и 153, ЕСЧП 2000-IV).
32. Лице обвинето за сторено кривично дело мора секогаш да биде ослободено се до отпочнувањето на судската постапка, освен ако државата може да докаже дека постојат „релевантни и доволни“ причини за да се оправда продолжениот притвор (Yağcı и Sargın против Турција, пресуда од 8 јуни 1995 година, Серија А, бр. 319 -А, § 52).
33. Член 5 § 3 од Конвенцијата не може да се гледа како безусловно одобрување на предистражен притвор под услов истиот да не трае подолго од одреден временски период. Оправдувањето за било кој период на притвор, без разлика колку тој рок е краток, мора да биде убедливо прикажанo од страна на властите (Belchev против Бугарија, бр. 39270/98, § 82, 8 април 2004 година).
34. Постоењето на основано сомнение не беше оспорено во овој конкретен случај. Сепак, Судот забележа дека, како и во Sarban против Молдавија (цитиран погоре, во § § 11 и 14), причините врз кои се потпираат домашните судови во нивните одлуки да го задржат жалителот во притвор и да го продолжат неговиот притвор (види ги ставовите 8 и 11 погоре) беа ограничени на парафразирање на причините за притвор предвидени во Законот за кривична постапка, без притоа да се даде објаснување како тие се применети во случајот на жалителот. Следствено на тоа, Судот не смета дека овој случај може да се разликува од Sarban во она што се однесува на релевантноста и доволноста на причините за притвор.
35. Поради тоа што причините за притвор не биле релевантни и доволни, Судот не смета дека е потребно да го продолжи Labita тестот (види став 31 погоре) и да утврди дали надлежните национални органи посветиле „посебно внимание“ во водењето на постапката.
36. Оттука, има повреда на член 5 § 3 од Конвенцијата во овој поглед.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 5 § 4 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
А. Произнесувања на страните
37. Владата изрази свое несогласување во однос на разгледувањето на оваа жалба од страна на Судот врз основа на член 5 § 4 од Конвенцијата, тврдејќи дека жалителот изјавил жалба според член 8 од Конвенцијата. Владата укажа на фактот дека во случајот Sarban против Молдавија, Судот разгледувал слична жалба врз основа на член 8 од Конвенцијата.
38. Владата исто така тврди дека стаклената преграда која го одвојува жалителот од неговиот адвокат не го попречила жалителот да презентира ефикасна одбрана и се повика на случајот Kröcher и Möller против Швајцарија (апликација бр. 8463/78, извештај на Комисијата од 16 декември 1982 година, DR 34, стр. 52-53, § 60), во кој Комисијата утврди дека фактот што жалителот во тој случај бил одвоен од неговиот адвокат со стаклената преграда не влијаел негативно на неговите права гарантирани со Конвенцијата.
39. Според Владата, жалителот не изнел никакви докази со кои ќе докаже дека стаклената преграда би можела да претставува пречка за негово советување со неговиот адвокат во услови на доверливост или за размена на документи меѓу нив.
40. Владата тврди дека стаклената преграда на ниту еден начин не влијаела на нормалната акустика на просторијата за средби, како и тоа дека не биле поставени никакви уреди за прислушување или за снимање во таа просторија. Стаклената преграда била потребна од безбедносни причини, како и за спречување на вршење други кривични дела. Според Законот за адвокатура, адвокатите не смее да се претресуваат, па, оттука, неопходно е адвокатите да бидат одвоени од нивните клиенти. Фактот дека тоа не претставувало никаков проблем од гледна точка на доверливост, како и тоа дека не биле поставени уреди за следење на комуникациите во ѕидот, беше прифатен од страна на Окружниот суд во Buiucani во неговата одлука од 3 декември 2004 година (види став 18 погоре).
41. Владата тврди дека не биле презентирани докази од страна на жалителот со кои тој би можел да докаже дека стаклената преграда претставува пречка за размена на документи меѓу адвокатот и неговиот клиент. Според релевантното домашно законодавство, кореспонденцијата меѓу притворените лица и нивните адвокати не смее да биде цензурирана и мора да биде испорачана во рок од 24 часа.
42. Како одговор на поднесоците на Владата, жалителот тврди дека стаклената преграда поставена во просторијата за состаноци меѓу адвокатите и клиентите во казнено-поправниот центар во рамките на CFECC била пречка за доверливоста, бидејќи тој и неговиот адвокат морале да зборуваат на повисок тон за да може да се слушнат еден со друг. Нивното викање би олеснило нивниот разговор да се следи или да се снима, но, исто така, постоела опасност нивниот разговор да биде прислушуван од страна на стражарите преку вратата. Исто така, невозможно било тие заедно да ги читаат текстовите или да си подаваат документи меѓу себе. Од овие причини, адвокатот на жалителот немал формулар за Судот потпишан од страна на неговиот клиент, туку само полномошно. Според него, тој не сакал Владата да ја дознае содржината на неговата жалба до Судот пред истата да биде доставена. Само откако иследникот од CFECC го прочитал полномошното, му дозволил на жалителот да го потпише.
43. Тој изјавил дека е невозможно да докаже дека разговорите меѓу него и неговиот адвокат биле следени, бидејќи таквото следење било тајно. Сепак, тој презентирал примери на неколку случаи кога управата на CFECC била запознаена со содржината на комуникациите меѓу притворените лица и нивните адвокати кои се одвивале во просторијата за средби во рамки на CFECC. Вистинитоста на овие поднесоци беше оспорена од страна на Владата.
Во случајот Sarban против Молдавија (цитиран погоре), еден од адвокатите на жалителот имал средба со г. Sarban на 18 февруари 2005 година во просторијата наменета за средби меѓу адвокатите и клиентите во рамките на CFECC. За време на нивната средба, неговиот клиент му се пожалил за условите на притворот, имено, дека другите три притворени лица кои биле со него, постојано пушеле во ќелијата. Откако адвокатот си заминал од CFECC, г. Sarban бил прашан од страна на управата зошто се пожалил на адвокатот за условите на притворот.
Во случајот Modârcă против Молдавија (цитиран погоре), адвокатот на жалителот изјавил жалба дека за време на средбата со неговиот клиент во просторијата наменета за средби меѓу адвокатите и клиентите во рамките на CFECC, тој бил инструиран од страна на неговиот клиент да оди на одредена адреса и да побара низа документи. Тој отишол таму веднаш по средбата, но видел дека службени лица од CFECC биле на тоа место неколку минути пред него и ги зеле документите за кои станало збор.
Адвокатот на г. Modârcă исто така изјавил жалба дека за време на некоја друга средба со неговиот клиент во просторијата наменета за средби меѓу адвокатите и клиентите во рамките на CFECC, клиентот навредил некој член на затворскиот персонал. Откако адвокатот си заминал, г. Modârcă бил повикан од страна на управата на CFECC да ги образложи изразите кои ги употребил во разговорот со неговиот адвокат. Управата не образложи како ја дознала содржината на разговорот.
44. Што се однесува до поднесокот на Владата дека било неопходно да се одделат адвокатите од нивните клиенти со цел да се спречи незаконско пренесување на предмети, жалителот тврди дека до тој момент немало познати случаи на незаконски пренесени предмети од страна на адвокатите во казнено-поправниот центар бр. 3 на Министерството за правда, каде немало стаклена преграда. Владата не даде коментар во однос на оваа изјава во своите завршни писмени согледувања.
Б. Оценка на Судот
45. Што се однесува до приговорот на Владата во врска со разгледувањето на оваа жалба врз основа на член 5 § 4 од Конвенцијата, Судот повтори дека е вешт во карактеризација на фактите на случајот според законот (види став 23 погоре). Поради тоа што жалителот во суштина изјавил жалба дека како резултат на постоењето на стаклена преграда во просторијата наменета за средби меѓу адвокатите и клиентите, тој не можел да разговара насамо со неговиот адвокат за прашања поврзани со постапката, а кои се однесуваат на неговото право на слобода, Судот смета дека член 5 § 4 е посоодветен член во овој случај.
46. Во случајот Reinprecht против Австрија, бр. 67175/01, § 31, EСЧП 2005 - ... Судот накусо ги изложи начелата кои произлегуваат од неговата судска пракса во врска со член 5 § 4 на следниов начин:
„(а) Член 5 § 4 од Конвенцијата му дава право на лицето лишено од слобода или на притвореното лице да покрене постапка, во врска со процедуралните и суштинските услови кои се важни за „законитоста“, според Конвенцијата, за неговото лишување од слобода (види, меѓу многуте други, Brogan и други против Обединетото Кралство, пресуда од 29 ноември 1988 година, Серија А, бр. 145-Б, стр. 34-35, § 65).
(б) Иако не е секогаш неопходно постапката врз основа на член 5 § 4 да ги нуди истите гаранции како оние што се потребни според член 6 од Конвенцијата за кривични или граѓански парници, таа мора да има судски карактер и да обезбедува гаранции соодветни на видот на лишување од слобода за кој станува збор (види, на пример, Assenov и други против Бугарија, пресуда од 28 октомври 1998 година, Извештаи за пресуди и одлуки, 1998-VIII, стр. 3302, § 162, и Włoch против Полска, бр. 27785/95, § 125, ЕСЧП 2000-XI, и двете во врска со Megyeri против Германија, пресуда од 12 мај 1992 година, Серија А, бр. 237-А, стр. 11, § 22).
(в) Постапката мора да биде адверсарна и секогаш мора да се осигура „еднаквост на оружјето“ меѓу страните. Во случај на лице чиј притвор спаѓа во доменот на член 5 § 1 (в), потребно е негово сослушување (види Nikolova против Бугарија [GC], бр. 31195/96, § 58, EСЧП 1999-II; Assenov и други, цитиран погоре, § 162, во врска со Schiesser против Швајцарија, пресуда од 4 декември 1979 година, Серија А, бр. 34, стр. 13, § § 30-31; Sanches-Reisse против Швајцарија, пресуда од 21 октомври 1986 година, Серија А, бр. 107, стр. 19, § 51; и Kampanis против Грција, пресуда од 13 јули 1995 година, Серија А, бр. 318-Б, стр. 45, § 47).
(г) Понатаму, член 5 § 4 бара лицето задржано во притвор да биде во можност да поведе постапка во разумни интервали со цел да ја оспори законитоста на неговиот притвор (види Assenov и други, цитиран погоре, стр. 3302, § 162, во врска со Bezicheri против Италија, пресуда од 25 октомври 1989 година, Серија А, бр. 164, стр. 10-11, § § 20-21). "
47. Утврдено е дека член 6 има одредена примена во предистражната фаза (види, на пример, Imbrioscia против Швајцарија, пресуда од 24 ноември 1993 година, Серија А, бр. 275, стр. 13, § 36, и John Murray против Обединетото Кралство, пресуда од 8 февруари 1996 година, Извештаи, 1996-I, стр. 54, § 62) во текот на коjа, вообичаено се разгледува законитоста на предистражниот притвор. Сепак, ваквата примена е ограничена на одредени аспекти.
Утврдено е дека гаранциите предвидени во член 6 во однос на пристап до адвокат се применливи во habeas corpus постапките (види, на пример Winterwerp против Холандија, пресуда од 24 октомври 1979 година, Серија А, бр. 33, § 60). Во случајот Bouamar против Белгија, (пресуда од 29 февруари 1988 година, Серија А, бр. 129, § 60), Судот смета дека од суштинско значење било поединецот да има можност да биде сослушан лично, но, исто така, и да има ефикасна помош од неговиот адвокат.
48. Задача на Судот во овој конкретен случај е да одлучи дали жалителот бил во можност да добие ефикасна помош од неговиот адвокат со цел да ги задоволи овие барања.
49. Еден од клучните елементи во ефикасното застапување на интересите на клиентот од страна на адвокатот е начелото дека доверливоста на информациите разменети меѓу нив мора да биде заштитена. Ваквата привилегија поттикнува отворена и искрена комуникација меѓу клиентите и адвокатите. Судот потсетува дека претходно сметал дека доверливата комуникација со адвокатот е заштитена со Конвенцијата како важна гаранција на правото на одбрана (види, на пример, Campbell против Обединетото Кралство, пресуда од 25 март 1992 година, Серија А, бр. 233, § 46 и Препорака Rec(2006)2 (види став 21 погоре)).
50. Всушност, доколку адвокатот не е во можност да се советува со својот клиент и да добие доверливи инструкции од него без надзор, неговата помош ќе изгуби многу од својата корисност, додека Конвенцијата има за цел да ги гарантира токму оние права кои се практични и ефикасни (види, меѓу другото, Artico против Италија, пресуда од 13 мај 1980 година, Серија А, бр. 37, стр. 16, § 33).
51. Судот смета дека попречувањето на привилегијата дадена на адвокатите и клиентите, а со тоа и на правото на притвореното лице на одбрана, не секогаш бара вистинско следење на комуникациите или прислушување. Оправданото верување втемелено на основано сомнение дека нивниот разговор бил слушан, може да е доволно, според мислењето на Судот, за да се ограничи ефикасноста на помошта која адвокатот би можел да ја обезбеди. Таквото верување неизбежно би спречило слободен разговор меѓу адвокатот и клиентот и би го попречило правото на притвореното лице ефикасно да ја оспори законитоста на неговиот притвор.
52. Судот, притоа, мора да утврди дали жалителот и неговиот адвокат имале оправдано верување втемелено на основано сомнение дека нивниот разговор во просторијата наменета за средби меѓу адвокатите и клиентите во рамките на CFECC не бил доверлив. Се чини од поднесоците на жалителот дека неговиот страв дека неговите разговори со неговиот адвокат биле следени, бил оправдан. Судот, исто така, ќе разгледа дали објективен, правичен и информиран набљудувач би стравувал од следење на разговорите меѓу адвокатот и клиентот или од прислушување на разговорите во просторијата за средби во рамките на CFECC.
53. Судот забележа дека проблемот во врска со наводниот недостаток на доверливост на комуникациите меѓу адвокатот и клиентот во казнено-поправниот центар во рамките на CFECC бил предмет на сериозна загриженост кај целата заедница на правници во Молдавија подолг временски период, па дури и таквиот недостаток на доверливост на комуникации бил причина за штрајк организиран од страна на Адвокатската комора на Република Молдавија (види став 19 погоре). Барањата на Адвокатската комора да се провери присуството на уреди за следење на комуникациите во стаклената преграда беа одбиени од страна на управата на CFECC (види став 20 погоре), а тоа се чини дека било причина за појава на сомнеж кај адвокатите. Ваквата загриженост и протест кај Адвокатската комора, според мислењето на Судот, би биле доволни за да се изрази сомневање во врска со доверливоста на расудувањето на еден објективен набљудувач.
54. Доказите во случајот Şarban и Modârcă (види став 43 погоре) ниту од далеку не докажуваат дека е извршен надзор во просторијата за средби во рамките на CFECC. Сепак, наспроти основата за општа загриженост кај Адвокатската комора, таквата шпекулација може да биде доволна за да се зголеми загриженоста кај објективниот набљудувач.
55. Следствено на тоа, заклучокот на Судот е дека жалителот и неговиот адвокат би можеле разумно да имаат основа да веруваат дека нивните разговори во просторијата наменета за средби меѓу адвокатите и клиентите во рамките на CFECC не бил доверливи.
56. Покрај тоа, Судот забележа дека, спротивно на тврдењето на Владата за тоа дека жалителот и неговиот адвокат можеле лесно да разменуваат документи, сликите обезбедени од страна на Владата (види став 17 погоре) покажуваат дека тоа не е така, поради тоа што не постоел отвор на стаклената преграда. Тоа, според мислењето на Судот, уште повеќе ја отежнува задачата на адвокатот.
57. Судот потсетува дека, во случајот Sarban против Молдавија, тој ја отфрлил жалбата која, до одреден степен, била слична на оваа, а која била разгледувана врз основа на член 8 од Конвенцијата, поради тоа што жалителот не успеал да обезбеди докази за да ја поткрепи својата жалба и поради тоа што Судот сметал дека пречките за ефикасна комуникација меѓу жалителот и неговиот адвокат не го попречиле жалителот да презентира ефикасна одбрана пред домашните судови. Сепак, имајќи ги предвид другите информации кои му биле на располагање а кои се однесуваат на вистинските пречки кои ги создава стаклената преграда во однос на доверливоста на разговорите и размената на документи меѓу адвокатите и нивните клиенти кои биле притворени во CFECC, Судот е сега убеден дека постоењето на стаклена преграда го загрозува правото на одбраната.
58. Владата се осврна на случајот Kröcher и Möller против Швајцарија во кој беше утврдено дека фактот што адвокатот и неговиот клиент биле одделени со стаклена преграда не го повредува правото на доверливост на комуникациите. Судот забележа дека жалителите во тој случај биле обвинети за екстремно насилни дела и исите се сметале за многу опасни. Меѓутоа, во овој конкретен случај, жалителот немал криминално досие (види став 7 погоре), а бил обвинет за ненасилно кривично дело. Покрај тоа, се чини дека не бил земен предвид карактерот на притворените лица во казнено-поправниот центар во рамките на CFECC. Стаклената преграда била општа мерка која влијае неселективно на сите во казнено-поправниот центар, без оглед на нивните лични околности.
59. Безбедносните причини на кои се повикува Владата не се убедливи, според мислењето на Судот, поради тоа што визуелен надзор на средбите меѓу адвокатите и клиентите би бил доволен за таа цел.
60. Во насока на изнесеното погоре, Судот смета дека неможноста жалителот да разговара со неговите адвокати за прашања кои се директно поврзани и релевантни за неговата одбрана и со тоа да го оспори неговото задржување во притвор, без тие да бидат одделени со стаклена преграда, влијае на неговото право на одбрана.
61. Оттука, има повреда на член 5 § 4 од Конвенцијата.
VI. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
62. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Кога Судот ќе оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на протоколите, и доколку внатрешното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумна репарација на штетата, тогаш Судот, доколку е потребно, ќе му додели правична отштета на оштетениот.“
А. Штета
63. Жалителот побарал 4.000 € (евра) за нематеријална штета. Тој тврди дека претрпел сериозна ментална болка.
64. Владата не се согласи со побараниот износ од страна на жалителот и тврди дека тој не успеал да даде пример од релевантната судска пракса кој би го поткрепил неговото барање. Владата побара од Судот да го отфрли барањето на жалителот за правичен надомест на штета.
65. Судот смета дека на жалителот мора да му била нанесена одредена количина на стрес и немир, како резултат на повредите на неговото право на слобода и безбедност во согласност со член 5 § 3 и член 5 § 4 од Конвенцијата.
Одлучувајќи по правична основа, му додели на жалителот вкупен износ од 2.500 евра.
Б. Трошоци и издатоци
66. Адвокатот на жалителот побарал сума од 2.400 евра за надомест на трошоци за застапување и 85 евра за трошоци за превод.
67. Што се однесува до трошоците за превод, жалителот доставил копија од сметка со која се потврдува исплата на 85 евра на овластен судски преведувач за превод на писмените забелешки од романски на француски јазик.
68. Што се однесува до трошоците за застапување, жалителот испратил до Судот копија од договорот меѓу него и адвокатот, според кој, таксата утврдена за еден час застапување изнесува 75 евра. Тој, во прилог на договорот, прикачил детална временска рамка, според која, адвокатот поминал 32 часа на случајот. Тој, исто така, доставил копија од сметка со која се потврдува исплата на 418 евра на неговиот адвокат како прва рата, која, според условите на договорот, морала да биде исплатена на денот на потпишување на договорот.
69. Жалителот тврди дека побараната сума за трошоци и издатоци е во рамките на надоместоците препорачани од страна на Адвокатската комора на Република Молдавија. Тој доставил копија од документот кој се однесува на препорачаните надоместоци издаден од страна на Адвокатската комора на 29 декември 2005 година.
70. Владата не ја оспори побараната сума за трошоци за превод. Сепак, не се согласи со побараната сума за застапување, наведувајќи дека истата е прекумерно висока и нереална во однос на економската состојба во земјата и просечната месечна плата. Го спори и бројот на часови поминати на случајот од страна на адвокатите на жалителот, како и висината на таксата наплатена за еден час застапување од нивна страна.
71. Судот потсети дека за да бидат трошоците и издатоците вклучени во оштетата во согласност со член 41 од Конвенцијата, мора да се утврди дека истите биле направени вистина, дека биле неопходни и дека биле разумни по обем (види, на пример, Amihalachioaie против Молдавија, бр. 60115/00, § 47, EСЧП 2004 -. ...).
72. Во овој конкретен случај, земајќи ја предвид деталната листа на ставки поднесена од страна на жалителот, горенаведените критериуми и сложеноста на случајот, Судот му додели на жалителот 2.000 евра.
В. Затезна камата
73. Судот смета дека е соодветно затезната камата да се заснова на најниската стапка за задолжување на Европската Централна Банка, на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ја прогласи жалбата за допуштена;
2. Смета дека имало повреда на член 5 § 3 од Конвенцијата;
3. Смета дека имало повреда на член 5 § 4 од Конвенцијата;
4. Смета
(а) дека тужената држава треба да му исплати на жалителот, во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане конечна, во согласност со член 44 § 2 од Конвенцијата, 2.500 евра (две илјади и петстотини евра) за нематеријална штета, и 2.000 евра (две илјади евра) за надомест на трошоци и издатоци, износи во противвредност на националната валута на обвинетата држава по стапка применлива на денот на исплата, плус данокот кој може да биде наплатен;
(б) дека по истекот на гореспоменатите три месеци па се до исплатата ќе се пресметува редовна затезна камата на горенаведените износи, по стапка еднаква на најниската стапка за задолжување на Европската Централна Банка за предвидениот рок, зголемена за три процентни поени;
5. Го отфрли едногласно останатиот дел од барањето на жалителот за правичен надомест на штета.
Изготвена на англиски јазик и објавена на 13 март 2007 година, во согласност со правилото 77 § § 2 и 3 од Деловникот на Судот.
T.L. EARLY Nicolas BRATZA
Секретар Претседател
Full & Egal Universal Law Academy