© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ВТОР ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ ЧЕНГИЗ (CENGİZ) И ДРУГИ против ТУРЦИЈА
(Жалби бр. 48226/10 и 14027/11)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
1-ви декември 2015 г.
Оваа пресуда ќе стане конечна согласно условите дефинирани во членот 44 став 2 од Конвенцијата. Таа може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Ченгиз (Cengiz) и други против Турција
Европскиот суд за човекови права (втор оддел), заседавајќи во совет составен од:
Пол Леменс (Paul Lemmens) претстедател,
Исил Каракаш (Isil Karakaş),
Небојша Вучиниќ (Nebojša Vučinić),
Ксенија Турковиќ (Ksenija Turković),
Роберт Спано (Robert Spano),
Јон Фридрик Кјолбро (Jon Fridrik Kjølbro),
Стефани Муру-Викстром (Stéphanie Mourou-Vikström), судии,
и од Стенли Нејсмит (Stanley Naismith), секретар на оддел,
Расправајќи на затворена седница на 20 октомври 2015 година
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од две жалби (бр. 48226/10 и 14027/11) против Република Турција поднесени од страна на тројца турски државјани, г-да. Серкан Ченгиз (Serkan Cengiz), Јаман Акдениз (Yaman Akdeniz) и Керем Алтипармак (Kerem Altıparmak) („жалителите“) до Судот на 20 јули 2010 г. (г-дин Ченгиз) и на 27 декември 2010 (г-да. Акдениз и Алтипармак) согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („ Конвенцијата“).
2. Г-да Акдениз и Алтипарнак беа застапувани пред Судот од страна на г-ѓа. А. Алтипармак (А. Altıparmak), адвокат во Анкара. Турската влада („Владата") беше застапувана од нејзиниот агент.
3. Повикувајќи се на членот 10 од Конвенцијата, жалителите оспоруваат особено мерка која ги лишила од секаков пристап до ЈуТјуб (YouTube). Покрај тоа, на полето на членот 6 од Конвенцијата, г-дин Ченгиз се жали дека не уживал ефективен правен лек за целите на ревизијата на оспорената мерка од страна на суд.
4. На 16 април 2014 година, жалбите биле доставени до Владата.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
5. Г-дин Серкан Ченгиз е роден во 1974 година и живее во Измир. Тој е предавач на Правниот факултет на Универзитетот во Измир, експерт и правник кој работи во областа на слободата на изразување.
Г-дин Јаман Акдениз и г-дин Керем Алтипармак се родени, соодветно, во 1968 и 1973 година. Г-дин Акдениз е професор по право на Правниот факултет на Универзитетот во Билги. Г-дин Алтипармак е доцент по право на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Анкара и директор на Центарот за човекови права на истиот универзитет.
А. Одлука за блокирање на ЈуТјуб
6. ЈуТјуб () е водечки вебсајт кој хостира видео клипови, каде што корисниците можат да испраќаат, да гледаат и споделуваат видео клипови. Повеќето видеа на сајот или на каналите ЈуТјуб можат да се гледаат од страна на сите интернет корисници, додека само оние со ЈуТјуб профил можат да објават видео фајлови. Оваа платформа е достапна во повеќе од 76 земји. Повеќе од една милијарда корисници ја консултираат истата секој месец и гледаат преку шест милијарди часа видео фајлови.
7. На 5 мај 2008 година, врз основа на членот 8 §§ 1 б), 2, 3 и 9 од Законот бр.5651 кој се однесува на регулирањето на онлајн публикациите и борбата против казнивите дела извршени на интернет („Законот бр 5651“), кривичниот окружен суд од Анкара донел одлука со наредба за блокирање на пристапот до веб-сајтот и на IP адресите 208.65.153.238-208.65.153.251 кои обезбедувале пристап до овој сајт. Судот сметал особено дека содржината на десет страници на овој сајт (десет видео фајлови) го прекршила законот бр. 5816 со кој се забранува навредата на споменот на Ататурк.
8. На 21 мај 2010 година, г-дин Ченгиз поднел приговор против одлуката за блокирање од 5 мај 2008 година. Повикувајќи се на своето право на слобода на примање и пренесување на информации и идеи, тој побарал укинување на мерката.
9. На 31 мај 2010 година, господата Акдениз и Алтипармак, во својство на корисници на Јутјуб, исто така, поднеле приговор против одлуката за блокирање од 5 мај 2008 година. Тие побарале укинување на мерката, тврдејќи дека постоел јавен интерес за пристапот на ЈуТјуб и блокирањето во прашање претставува сериозен напад врз суштината на нивното право на слобода на информации и идеи. Тие понатаму тврделе дека шест од десетте страници засегнати од одлуката од 5 мај 2008 година, веќе биле отстранети, и дека останатите четири страници не биле веќе достапни од Турција. Затоа, според жалителите, мерката за блокирање била целосно непотребна и претставувала непропорционално ограничување на правото на корисниците да примаат и даваат информации и идеи.
10. На 9 јуни 2010 година, Кривичниот окружен суд од Анкара го отфрлил приговорот поднесен од страна на жалителите, сметајќи особено дека оспореното блокирање било во согласност со барањата на законодавството. Во однос на прашањето за недостапноста на видео фајловите од Турција, тој навел дека, иако пристапот до овие фајлови од Турција ефективно бил блокиран од страна на ЈуТјуб, видеата во прашање не биле отстранети од базата на податоци на сајтот и затоа тие останувале достапни на интернет корисниците ширум светот. Тој понатаму сметал дека, со оглед на тоа дека не биле странки во истражната постапка, жалителите немале право да ги оспоруваат таквите одлуки. Конечно, судот навел дека приговор веќе поднесен против истото решение за блокирање веќе бил отфрлен на 4 јуни 2008 година.
11. На 2 јули 2010 година, Кривичниот суд во Анкара ја потврдил одлуката од 9 јуни 2010 година на Кривичниот окружен суд во Анкара, сметајќи дека таа била во согласност со процедуралните правила и дека таа спаѓала под дискреционото право на одлучување што го имал судот.
Б. Последователните одлуки
12. На 17 јуни 2010 година, Кривичниот суд од Анкара донел уште една одлука на ЈуТјуб, во која тој им наредил на блокирање на пристап до веб и четириесет и четири други IP адреси кои припаѓале на спорниот сајт.
13. 23 јуни 2010 година, господата Акдениз и Алтипармак поднеле приговор против дополнителната одлука од 17 јуни 2010 година.
14. На 1-ви јули 2010 година, Кривичниот суд од Анкара го отфрлил приговорот поднесен од страна на двајцата жалители и од претставниците на ЈуТјуб како и од претставниците на Здружението на интернет технологијата. Во однос на прашањето за недостапноста на видео фајловите од Турција, тој повторил дека, иако пристапот до овие фајлови од Турција ефективно бил блокиран од страна на ЈуТјуб, видеата во прашање не биле отстранети од базата на податоци на сајтот и затоа тие останале достапни на интернет корисниците ширум светот. Тој исто така укажал дека, со оглед на тоа дека не биле странки во случајот, тужителите немале право да ги оспорат таквите одлуки. Тој додал дека, штом, според него, сајтот во прашање продолжувал да го крши законот со тоа што останувал активен, спорното блокирање било усогласено со барањата на законодавството. Конечно, тој го отфрлил аргументот врз основа на наводната неуставност на одредбата која била применета во овој случај.
15. Со пресудата веќе спомената погоре (став 11), на 2 јули 2010 година, Кривичниот суд во Анкара, исто така, ја потврдил одлуката од 1-ви јули 2010 година на Кривичниот суд од Анкара.
В. Информации доставени од страна на страните
16. Владата укажува на тоа дека, пред и по одлуката за блокирање на пристапот до ЈуТјуб, во периодот од 23 ноември 2007 година и 1-ви јули 2009 година, 1785 претставки биле упатени до Претседателството на телекомуникациите и информатичката технологија ( „ПТИ“). Според Владата, овие претставки наведувале дека ЈуТјуб хостирал содржини кои биле нелегални во однос на Законот брo 5651, особено содржини кои се однесувале на сексуална злоупотреба на малолетни лица и други во кои се навредувал споменот на Ататурк.
17. Владата, исто така, укажува на тоа дека, пред донесувањето на одлуката од 5 мај 2008 година, домашните судови веќе донеле 34 одлуки за блокирање на ЈуТјуб поради незаконски содржини што овој сајт ги хостирал. По овие одлуки, ПТИ стапило во контакт со правниот застапник на Јутјуб во Турција, во согласност со т.н. процедура за „известување и повлекување“. Според Владата, од одлуката од 5 мај 2008 година произлегува дека имало десет веб адреси на кои биле објавени навредливи содржини против Ататурк. Владата додава дека пристапот до шест страници бил блокиран, но другите четири страни останале достапни од Турција или од странство. Исто така, продолжува Владата, ПТИ го известило ЈуТјуб за одлуката за отстранувањето на таквите содржини. Но ЈуТјуб не прекинал со хостирањето на спорните страници и ПТИ немало друго решение освен да го блокира пристапот до целиот сајт ЈуТјуб, со огле на тоа што Турција не вовела систем на URL филтрирање.
18. Жалителите тврдат дека, по одлуката од 5 мај 2008 година, пристапот до ЈуТјуб бил блокиран во Турција од страна на ПТИ до 30 октомври 2010 година. Тие додаваат дека, на тој датум, блокирањето на пристапот до ЈуТјуб било укинато од страна на надлежниот обвинител, како резултат на, според жалителите, барањето од една компанија која тврдела дека е сопственик на авторските права на овие видеа. Сепак, според жалителите, од 1-ви ноември 2010 година, ЈуТјуб одлучил да ги емитува видео фајловите во прашање, сметајќи дека тие не ги повредувале правата на авторите. Покрај тоа, господата Акдениз и Алтипармак тврдат дека нивните истражување покажале дека, во јануари 2015 година, четири видео фајлови (со број 1, 2, 7 и 8) од десетте фајлови кои биле предмет на одлуката од 5 мај 2008 година биле сеуште достапни преку ЈуТјуб. Во овој поглед, тие посочуваат дека, меѓу овие фајлови, снимките бр. 2 и 7 не содржеле никаква содржина која можела да се толкува како навреда на споменот на Ататурк и затоа не потпаѓале под член 8 од Законот 5651. Особено, видеото бр. 2 траело четиринаесет секунди и го покажувало турското знаме во пламен. Видеото бр.7 траело четириесет и девет секунди и на него се појавувал поранешниот началник на турскиот Генералштаб. Само видеата бр. 1 и 8 можеле да се сметаат како навредливи, но не постоела ниту една постапка за утврдување на незаконитоста на содржината.
II. РЕЛЕВАНТНОТО ДОМАШНО И МЕЃУНАРОДНО ПРАВО И СУДСКА ПРАКСА
A. Интернет-право
19. За преглед на домашното и меѓународнот право и судска пракса во сила во релевантниот период, Судот упатува на пресудата Ahmet Yıldırım c. Turquie (бр. 3111/10, §§ 15-37, ЕСЧП 2012)..
20. Релевантните делови, во однос на овој случај, на законот број 5651 од 4 мај 2007 година за регулирање на интернет публикациите и борбата против престапите извршени на интернет гласеле вака во тоа време:
Член 8 - Одлуката за блокирање на пристапот и нејзиното извршување
„1) Изречено е блокирање на пристапот (erişimin engellenmesi) до содржините објавени на интернет за коишто постојат основи на сомневање дека, по својата содржина, тие ги сочинуваат следните казниви дела:
а) Кривични дела според Кривичниот законик (...)
1) поттикнување на самоубиство (член 84)
2) сексуална злоупотреба на малолетни лица (член 103 § 1)
3) овозможување на употреба на наркотични дроги (член 190)
4) обезбедување на производ опасен за здравје (член 194)
5) непристојни содржини (член 226)
6) проституција (член 227)
7) хостирање на игри за пари (член 228);
б) казниви дела заради навреда на споменот на Ататурк наведени во законот бр 5816 25 јули 1951 година (...)
2) блокирањето на пристапот се одобрува од страна на судијата ако случајот е во истражна фаза или од страна на судот ако е веќе во фаза на кривично гонење. За време на истражната постапка, блокирањето на пристапот може да биде наредено од јавниот обвинител во случаите каде што одлагањето би било штетно. Барањето за блокирање мора да се поднесе во рок од дваесет и четири часа за одобрение до судијата. Тој мора да донесе одлука во рок од дваесет и четири часа. Ако тој не го одобри блокирањето, мерката веднаш се поништува од страна на обвинителот. Можно е, во согласност со одредбите на Законот за кривична постапка ([закон] бр.5271), да се поднесе приговор против одлуките за блокирање на одлуките на пристап изречени како превентивна мерка.
3) Копија од одлуката за блокирање усвоена од судијата, судот или обвинителот на Републиката му е доставена на Претседателството [за телекомуникации и информатиката] за извршување.
4) Кога провајдерот на содржините или хостинг провајдерот се наоѓа во странство (...) одлуката за блокирање на пристап се објавува по службена должност од страна на Претседателството. Потоа, се информира провајдерот за одлуката, и од него се бара да ја изврши.
5) Одлуките за блокирање на пристапот се извршуваат веднаш, а најдоцна во рок од дваесет и четири часа од известувањето за нив.
(...)
7) Ако кривичната истрага се заврши со прекин на постапката, одлуката за блокирање на пристапот автоматски ќе престане да важи (...)
8) Доколку судење резултира со ослободителна пресуда, одлуката за блокирање на пристапот автоматски ќе престане да важи (...)
9) Кога нелегалната содржина ќе се отстрани, блокирањеto на пристапот се укинува (...)“
21. Владата посочува дека две значајни измени според неа неодамна биле направени во законот бр. 5651. Таа објаснува дека затворските казни според тој закон биле заменети со парични казни и дека ефективната заштита на индивидуалните права била зајакната и мерката на блокирање била ограничена во времето.
22. Таа особено укажува на тоа дека, според законот бр. 6639 донесен на 27 март 2015 година, нов член 8A е додаден во Законот бр 5651. Оваа нова одредба која го овластува, по барање за таа цел од страна на премиерот или на некое министерство, ПТИ да нареди бришење на содржината на веб-страница и /или блокирање на пристапот до таквите содржини. Покрај тоа, експлицитно е наведено за прв пат дека блокирањето на пристапот до целиот веб-сајт ќе биде дозволено. Така, според ставот 3 на оваа одредба:
„Одлуките за блокирање на пристап донесени во рамките на оваа одредба се наменети да го блокираат пристапот до содржината на поглавието или на делот од публикацијата (URL, итн) кои го сочинуваат кривичното дело. Кога технички не е можно да се блокира содржината во прашање или кога блокирањето на пристапот до содржината во прашање не и става крај на повредата, може да се донесе одлука за блокирање на пристап до целиот веб-сајт.“
23. Владата појаснува дека технологијата за филтрирање на URL за веб-сајтовите со седиште во странство не е достапна во Турција и дека законодавството во оваа област се базира на т.н. процедура за „известување и повлекување“ (notice and take down), која се стреми кон тоа да се избегнат непријатностите на блокирањето на пристапот до целиот сајт. Таа тврди дека примената на оваа процедура веќе овозможила да се елиминираат штетните содржини. Така, до денес, 60 000 нелегални содржини од сајтови базирани во странство биле избришани. За да се постигне оваа цел, бил основан информативен центар, кој ги собира особено поплаките од граѓаните за содржината на фајловите кои се достапни на интернет. На овој начин, граѓаните упатиле до овој центар бројни поплаки во врска со содржините емитувани од страна на ЈуТјуб.
Б. Законот бр 5816
24. Релевантните одредби од Законот бр 5816 од 25 јули 1951 година забранувајќи навредување на споменот на Ататурк, гласат:
Член 1
„Кој и да го навредува или напаѓа експлицитно споменот на Ататурк ќе се казни со една до три години затвор.
Кој и да ги крши, разурнува или валка статуите или резбите кои го претставуваат Ататурк или неговиот гроб ќе се казни со една до пет години затвор.
Секој кој поттикнува извршување на кривичните дела наведени погоре, ќе се казни како нивен главен сторител .“
Член 2
„Казната ќе се зголеми за половина ако кривичното дело од членот [1] било сторено од страна на две лица или со здружување на повеќе од две лица, или експлицитно или преку печатот или во јавност. Во случај на обид да се извршат или да се извршат насилно кривичните дела наведени во вториот став од член 1, казната двојно ќе се зголеми.“
C. Уставно-судската пракса
1. Пресудата „“
25. По неколку одлуки донесени од страна на турските судови според кои веб-сајтот на (сајт за микроблогирање, кој овозможува на корисниците бесплатно да испраќаат кратки пораки на интернет преку инстант пораки или SMS) хостирал содржини кои го повредувале приватниот живот и угледот на тужителите, во март 2014 година ПТИ година наредил блокирање на пристапот до овој сајт. Со пресуда од 25 март 2014 година, Управниот суд од Анкара го суспендирал извршувањето на одлуката на ПТИ.
Во меѓувреме, на 24 и 25 март 2014 година, три лица, вклучувајќи ги господата Акдениз и Алтипармак, поднеле индивидуална жалба до Уставниот суд за да ја преиспита одлуката за блокирање.
Со пресуда од 2 април 2014 година (2014/3986), Уставниот суд одлучил дека одлуката за блокирање на пристапот до донесена од страна на ПТИ го повредувала правото на слободата на примање и пренесување на информации и идеи. Во својата пресуда, тој укажал особено дека одложувањето на емитувањето на размени на информации и мислења во овој медиум, дури и за кратко времетраење, ризикувало да го направи неактуелен и неинтересен и дека, според тоа, жалителите, активни корисници на овој сајт, имале интерес блокирањето на овој сајт да биде што побрзо укинато. Наведувајќи дека се повикува на пресудата на Европскиот суд за човекови права Ahmet Yıldırım (претходно наведена) тој, понатаму, одлучил дека спорната мерка немала правна основа.
2. Пресуда „ЈуТјуб“
26. На 27 март 2014 година, ПТИ одлучило да го блокира пристапот до ЈуТјуб, особено по една одлука донесена од страна на Кривичниот суд од Голбаси (Gölbasi). Со пресуда од 2 мај 2014 година, Управниот суд од Анкара го суспендирал извршувањето на решението на ПТИ. Со оглед на неизвршувањето на таа пресуда, ЈуТјуб ДОО, жалителите господа Алтиармак и Акдениз и шест други лица поднеле индивидуална жалба до Уставниот суд. Со пресуда од 29 мај 2014 година, Уставниот суд ја поништил одлуката за блокирање. Во својата пресуда, пред се произнесе за основаноста на случајот, тој се произнел за статусот на жртва на жалителите. Тој го заклучил следново:
„27. (...) Од предметот произлегува дека (...) Јаман Акдениз, Керем Алтипарнак и М.Ф. предавале на различни универзитети. Овие жалители објасниле дека тие работеле и истражувале во областа на човековите права и ги споделувале своите трудови преку нивните профили на ЈуТјуб. Тие, исто така, појасниле дека, преку овој веб-сајт, исто така имале пристап до пишаните и визуелни материјали на Обединетите Нации и на Советот на Европа (...). Што се однесува до барателот Е.Е., тој објаснил дека имал сметка [ЈуТјуб], дека редовно ги следел луѓето кои споделувале фајлови како и активностите на невладините организации и на професионални тела, дека пишувал исто така критики за овие размени (...)
28. Со оглед на овие објаснувања, може да заклучиме дека жалителите биле директни жртви на административната одлука за општо блокирање на сајтот ЈуТјуб.com (...)“
Што се однесува до основаноста на случајот, велејќи дека повикува на пресудата Ahmet Yıldırım (погоре наведена), Уставниот суд одлучил дека спорната мерка немала правна основа, особено во однос на Законот бр. 5651, која не дозволувал, според неа, општо блокирање на веб-страни. Тој се произнел на следниот начин:
„52. Во модерните демократии, интернет се здобил со големо значење во остварувањето на основните права и слободи, особено во она на слободата на изразување. Социјалните медиуми се транспарентни платформи (...) кои им нудат на поединците можност да учествуваат во создавањето на содржината на овие медиуми, на нивното емитување и толкување. Овие платформи на социјалните медиуми се, значи, алатки од суштинско значење за остварувањето на правото на слобода на изразување, споделување и емитување на информации и идеи. Затоа, државата и нејзините адмиистративни органи треба да покажат голема сензибилност не само при регулирањето на оваа област, туку, исто така, во нивната пракса, бидејќи овие платформи станале едно од најефикасните и најшироко распространетите средства за споделување идеи и добиваање информации. “
Г. Комитетот за човекови правана Обединетите Нации
27. Во својот општ коментар бр. 34 на членот 19 на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, усвоен во текот на својата 102 сесија (11-29 јули 2011 година), Комитетот за човекови права на Обединетите Нации го изјавил следното:
„43. Секое ограничување наметнато на функционирањето на веб-сајтовите, блоговите и на кој и да е друг систем за емитување на информации преку интернет, на електронски или други средства, вклучувајќи ги и системите за поддршка аналогни на овие средства за комуникација, како што се интернет провајдери или пребарувачите, е авторизирано само доколку тоа е во согласност со ставот 3[на членот 19 на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, со кој се регулираат ограничувањата кои би можеле да се изречат во однос на остварувањето на правото на слобода на изразување]. Законските ограничувања генерално би требало да се однесуваат на специфична содржина; општите забрани за функционирање кои се однесуваат на одредени сајтови и системи не се во согласност со ставот 3. Да му се забрани на еден сајт или систем за емитување на информации да објави содржина само врз основа на тоа дека истиот може да е критичен кон владата или политичкиот и општествениот систем што го промовира Владата е подеднакво во спротивност со ставот 3.“
ПРАВО
I. ЗА СПОЈУВАЊЕТО НА ЖАЛБИТЕ
28. Судот одлучи, во согласност со членот 42 § 1 од Деловникот, да ги спои жалбите, со оглед на нивната сличност во однос на фактите и правните прашања што ги покренуваат, и одлучи да ги испита заедно во една пресуда.
II. ЗА НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 10 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
29. Жалителите се жалат на мерката усвоена од страна на домашните судови, што ги спречувала да пристапат до ЈуТјуб. Тие гледаат во оваа мерка повреда на нивното право на слобода на примање и давање на информации или идеи кое е загарантирано со членот 10 од Конвенцијата. Во релевантните делови за овој случај, оваа одредба гласи:
„1. Секој има право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на мислење и слободата на примање и пренесување на информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. (...)
2. Остварувањето на овие слободи, бидејќи со себе носи и одговорност, може да се подложи на формалности, услови, рестрикции или казни определени со закон и неопходни во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната сигурност, за заштита од немири или кривично дело, на здравјето или моралот, репутацијата
или правата на другите, за заштита од откривање на доверливи информации или за одржување на авторитетот и непристрасноста на правосудството.#
30. Владата го отфрли аргументот на жалителите.
А. За допуштеноста
31.Владата смета дека жалбата на жалителот е некомпатибилна ratione materiae со одредбите од Конвенцијата. Упатувајќи особено на одлуките Tanrıkulu et autres c. Turquie ((одл.), бр. 40150/98, 40153/98 и 40160/98, 6 ноември 2001), и Akdeniz c. Turquie ((одл.), бр. 20877/10, 11 март 2014), таа тврди дека не може да се смета дека жалителите биле директно погодени од фактите кои наводно го сочинуваат мешањето.
32. Владата, исто така, наведува дека жалителите ја поднеле жалбата до Судот две години по одлуката за блокирање на пристапот до ЈуТјуб. Таа смета дека ако тие се сметале себе си за жртви на овие мерки, не требало да чекаат толку долго за поднесат приговор против мерката во прашање.
33. Жалителите го оспоруваат овој аргумент.
34. Судот смета дека прелиминарниот приговор на Владата за тоа дека жалителите го немале статусот на жртва покренува прашања тесно поврзани со испитување на постоењето на мешање во остварувањето од страна на жалителите на правото на слободата на примање и пренесување на информации и идеи, и оттука исто и на основаноста на жалбениот навод според членот 10 од Конвенцијата. Оттука, тој одлучи да го спои овој приговор со основаноста (видете, во таа смисла, Dink c. Turquie, бр. 2668/07, 6102/08, 30079/08, 7072/09 и 7124/09, § 100, 14 септември 2010, и Altuğ Taner Akçam c. Turquie, бр. 27520/07, § 51, 25 октомври 2011).
35.Оценувајќи дека оваа жалба не е очигледно неоснована во смисла на членот 35 § 3 од Конвенцијата и дека не е во спротивност со која било друга основа за недопуштеност, Судот ја прогласи жалбата за допуштена.
Б. За основаноста
1. Тезите на страните
а) Жалителите
36. Тројцата жалители тврдат дека блокирањето на ЈуТјуб е прекршување на правото на слободата на примање и пренесување на информации и идеи. Велејќи дека се повикуваат на пресудата Ahmet Yıldırım c. Turquie (бр. 3111/10, ЕСЧП 2012)и на две пресуди на Уставниот суд (види ставови 25-26 погоре), тие тврдат, исто така, дека Законот бр.5651 не го овластувал општото блокирање на пристапот до интернет сајт. Затоа, според нив, мешањето за коешто се работело не можело да се смета за „пропишано со закон“. Покрај тоа, жалителите сметаат дека последицата за нив на ова блокирање, односно неможноста да пристапат до многу видеа на ЈуТјуб кога тие всушност немаат никаква врска со нелегалната содржина која е причина за мерката за блокирање на ЈуТјуб, била непропорционална во однос на бараните цели. Тие, исто така, сметаат дека постапката што довела до блокирањето на ЈуТјуб не може да се смета за фер и непристрасна.
37. Г-дин Ченгиз тврди особено дека тој е предавач на Правниот факултет, експерт и правник кој работи во областа на слободата на изразување. Тој објаснува дека меѓународните организации објавуваат голем број на визуелни материјали преку ЈуТјуб и дека тој ги користи овие материјали редовно во рамките на своите активности. Од друга страна, тој укажува дека, како активен корисник кој располага со профил на ЈуТјуб, тој може да пристапи преку YouTubе до бројни извори на информации, кои објавуваат различни материјали, како документации, анализи или дела за разонода. Тој заклучува дека, како резултат на општото блокирање на овој сајт, тој не можел, повеќе од три години, да пристапи до својот профил на ЈуТјуб.
38. Што се однесува до господата Акдениз и Алтипармак, тие ја нагласуваат важноста на интернетот кој станал едно од главните средства, за поединците, за остварување на нивното право на слобода на примање и пренесување на информации или идеи, и тврдат дека тие биле директно погодени од оспорената мерка. Во врска со ова, тие објаснуваат дека ЈуТјуб не само емитува уметнички и музички дела, но исто така претставува голема и популарна платформа за политичкиот дискурс и политичките и социјалните активности. Особено, политичките информации кои биле игнорирани од страна на мејнстрим медиумите или забранети од страна на репресивните власти честопати биле емитувани преку ЈуТјуб, што резултирало со создавање на „граѓанско новинарство“ со голем зафат. Во овој поглед, оваа платформа е уникатна со оглед на нејзините карактеристики, нејзиното ниво на достапност и особено на нејзиното потенцијално влијание, и за неа не постои соодветна замена.
39. Освен тоа, жалителите наведуваат дека нивниот случај е различен од случајот Akdeniz (претходно наведена одлука), во која според нив се работело за блокирање на сајтови кои емитирале музички дела со образложение дека тие не ги почитувале законите за авторски права. Тие понатаму тврдат дека Судот навел дека големината на просторот за слободна проценка што им припаѓал на државите договорнички требало да се релативизира кога се работело, не за строго „комерцијалното“ изразување на овој или оној поединец, туку за неговото учество во дебата која се однесувала на општиот интерес (видете , mutatis mutandis, Ashby Donald et autres c. France, бр. 36769/08, § 39, 10 јануари 2013). Жалителите тврдат уште дека, како што за тоа се зборувало во пресудата Khurshid Mustafa et Tarzibachi c. Suède (бр. 23883/06, § 44, 16 декември 2008), правото за кое се работело имало особена важност за нив.
40. Поточно, г-дин Акдениз објаснува дека, како професор по право на Правниот факултет и специјализиран во областа на слободата на изразување, презема преку ЈуТјуб многу политички интервенции кои се однесуваат на Интернет-правото. Што се однесува до г-дин Алтипармак, тој укажува дека тој е исто така професор по право и директор на Центарот за човекови права на Универзитетот во Анкара, и дека исто така пристапува до многу видео фајлови преку ЈуТјуб. Покрај тоа, неколку конференции во организација на овој центар се емитуваат преку оваа интернет страница. На ова може да се додадат преземањата од страна на трети лица на фајлови кои содржат говори или снимки емитувани од страна на центарот или од него самиот. Двајцата жалители објаснуваат дека, всушност, тие го користат ЈуТјуб не само за да добијат информации за академски или други теми кои се однесуваат на јавниот интерес, туку, исто така, за да пренесат информации преку нивните сметки на ЈуТјуб. Оттука, биле вклучени истовремено слободата на примање информации и онаа на нивно пренесување.
41. Покрај тоа, господата Акдениз и Алтипармак го оспоруваат начинот на којшто домашните судови наредиле блокирање на пристапот до ЈуТјуб и тврдат дека се работело за постапка без никаква гаранција дека мерката на блокирање на одреден сајт немало да се користи како средство за општо блокирање. Во овој поглед, тие тврдат дека, во праксата, мерката за блокирање на пристап до интернет сајт не се смета само како средство кое се користи во краен случај, со оглед на тоа што пристапот до повеќе од 60 000 веб-сајтови веќе биле блокирани, од кои 21 000 биле блокирани во 2014 година. Тие додаваат дека, во текот на таа година, блокирањето на пристапот до и било наредено нелегално без притоа да биде земена во предвид ниту една друга полесна мерка. Тие укажуваат дека и во двата случаи, Уставниот суд донел одлука за блокирање на одлуките спротивни на членот 26 од Уставот, со кој се гарантира правото на слободата на примање и пренесување на информации или идеи, откако тој ги оценил истите како сериозен напад врз остварувањето на ова право.
б) Владата
42. Владата ги отфрли аргументите на жалителите. Таа го повтори својот аргумент дека нивната жалба не е во согласност ratione materiae со одредбите од Конвенцијата. Според неа, не може да се смета дека жалителите биле под директно погодени од настаните кои го сочинувале наводното мешање. Во секој случај, според Владата, тие не го поткрепиле своето тврдење за повреда на членот 10 од Конвенцијата.
43. Доколку сепак Судот смета дека имало попречување во рамките на значењето на членот 10 од Конвенцијата, Владата тврди дека мешањето било пропишано со закон и се стремело кон легитимните цели наведени во став 2 на овој член. Што се однесува до тоа дали мерката за која станува збор е „неопходна“ во рамките на значењето на членот 10, Владата смета дека била овозможена правична рамнотежа помеѓу конкурентните интереси во игра. Покрај тоа, постапката била правична на сите нивоа, со оглед на тоа дека двете засегнати инстанци донеле одлуки кои, според неа, биле целосно и детално образложени. Така, земајќи го исто во предвид просторот за слободна проценка, наводното мешање било пропорционално на легитимната цел и „неопходно во едно демократско општество“.
44. Поточно, Владата укажува дека интернет операторите споменати во членот 2 од Законот бр 5651 биле дефинирани во согласност со стандардите на Европската Унија и дека обврските на овие оператори и санкциите кои за нив ќе се применувале биле експлицитно уредени со законот. Согласно потребата од донесување на овие законски текстови, Турција имала постигнато значителен напредок во законското утврдување на ограничувањата на правото и основните слободи во согласност со националните и меѓународните стандарди. Во овој поглед, блокирањето на пристапот до веб-сајт не било разгледано како прво, туку како крајно средство во рамките на борбата против ширењето на штетни содржини.
45. Владата понатаму укажува на тоа дека Законот бр. 5651 ги набројува видовите на кривични дела кои можат да резултираат со одлука за блокирање на пристапот согласно постапката за „известување и повлекување на содржини“. Оваа постапка има за цел да се избегнат проблемите кои произлегуваат од општото блокирање на пристапот до интернет сајт. Исто така, веб-сајтовите со штетни содржини кои се со седиште во земјата или во странство биле елиминирани со примена на оваа постапка.
46. На крајот, Владата наведува дека, неодамна, биле направени значителни измени на законот бр. 5651. Таа, меѓутоа, појаснува дека технологијата на URL филтрирање за веб-сајтовите базирани во странство не е достапна во Турција.
2. Оценка на Судот
а). За постоењето на мешање
47. Судот забележува дека, со одлука усвоена на 5 мај 2008 година, Кривичниот суд од Анкара наредил, во согласност со членот 8 §§ 1 б), 2, 3 и 9 од Законот бр. 5651, блокирање на пристапот до ЈуТјуб врз основа на тоа дека содржината на десет видео фајлови достапни на овој сајт го прекршиле Законот бр5816 кој забранува навреда на споменот на Ататурк. Прво, господинот Ченгиз, на 21 мај 2010 година и господа Алтипармак и Акдениз, ма 31 мај 2010 година, поднеле приговор против одлуката и побарале укинување на мерката. Во своите правни лекови, тие се повикувале на заштита на правото на слобода на примање и пренесување на информации и идеи.
48. На 9 Јуни 2010 година, наведувајќи дека жалителите не биле странки во случајот и дека поради тоа немале право да ги оспорат таквите одлуки, Кривичниот суд од Анкара го отфрлил нивниот приговор. Притоа, тој оценил особено дека оспореното блокирање било во согласност со барањата на релевантната законската регулатива во оваа област. Покрај тоа, тој донел уште една одлука на 17 јуни 2010 година. Обидите на жалителите за да ја оспорат оваа одлука биле неуспешни.
49.Судот потсетува уште на почетокот дека Конвенцијата не дозволува actio popularis, туку бара, за остварувањето на правото на индивидуален правен лек, жалителот да тврди убедливо дека тој самиот директно или индиректно е жртва на повреда на Конвенцијата која е резултат на дело или пропуст кои можат да се припишат на државата договорничка. Во случајот Tanrıkulu et autres (претходно наведена), тој не го признал статусот на жртва на читатели на дневен весник кој бил предмет на мерка на забрана за дистрибуција. Исто така, во случајот Akdeniz (претходно наведен), тој сметал дека самото тоа што г-дин Акдениз - како и другите корисници во Турција на два сајта посветени на емитување музика - ги трпел индиректните последици од мерка за блокирање не било доволно за нему да му се признае статусот на „жртва“ во рамките на значењето на членот 34 од Конвенцијата (одлука претходно наведена, § 24). Со оглед на овие согледби, одговорот на прашањето дали жалителот може да тврди дека е жртва на мерката за блокирање на пристап до веб-сајт зависи, значи, од проценката на околностите на секој случај, а особено на начинот на кој овој го користи веб сајтот и од големината на последиците од таквата мерка што тој може да ги претрпи. Исто така, се зема во предвид и тоа дека интернетот денес станал едно од главните средства за остварување од страна на поединците на нивното право на слобода на примање или пренесување на информации или идеи: на интернет се наоѓаат основни алатки за учество во активностите и дебатите кои се однесуваат на политички прашања или на прашања од јавен интерес (Ahmet Yıldırım, претходно наведена, § 54).
50. Во овој случај, Судот забележува дека жалителите ги поднеле своите жалби пред него како активни корисници на ЈуТјуб, истакнувајќи ги особено последиците на спорното блокирање на нивната академска работа, како и важните карактеристики на сајтот во прашање. Особено, тие тврдат дека, со користење на своите сметки на ЈуТјуб, тие ја употребуваат оваа платформа не само за пристап до видеа поврзани со нивната професионална област, но, исто така, на активен начин, со симнување и споделување на вакви фајлови. Покрај тоа, господата Акдениз и Алтипармак појасниле дека тие објавувале снимки за нивните академски активности. Во однос на оваа точка, случајот е поблизок до оној на г-дин Јилдирим (Yıldırım), кој тврдел дека ги објавувал своите академски трудови и неговите ставови во различни области, преку својата веб-страница (Ahmet Yıldırım, погоре наведена, § 51), а не до оној на г-дин Акдениз (Akdeniz ) (одлука погоре наведена), кој дејствувал како обичен корисник на веб сајтовите.
51.Покрај тоа, во однос на друга точка, конкретниот случај, исто така, се разликува од одлуката Akdeniz претходно наведена, каде Судот го земал во предвид особено тоа дека жалителот можел без проблем да пристапи до различни музички дела со помош на повеќе средства без тоа да предизвика било какво прекршување на правилата кои ги регулираат авторските права (одлука претходно наведена, § 25). меѓутоа ЈуТјуб емитува не само уметнички и музички дела, туку исто така претставува многу популарна платформа за политичкиот дискурс и политичките и социјалните активности. Фајловите што биле емитувани на ЈуТјуб вклучувале меѓу другото информации кои можеле да бидат од особен интерес за сите (видете, mutatis mutandis, Khurshid Mustafa et Tarzibachi, цитирана погоре, § 44). Всушност, оспорената мерка направила да биде недостапен сајт којшто содржи специфични информации за жалителите и тие не се лесно достапни со помош на други средства. Овој сајт е исто така важен извор на комуникација за жалителите.
52. Покрај тоа, во однос на важноста на интернет сајтовите за остварувањето на слободата на изразување, Судот потсетува дека, „благодарение на нивната достапност и на нивната способност да чуваат и емитуваат големи количини на податоци , интернет сајтовите во голема мера придонесуваат за подобрување на јавниот пристап до актуелните вести и, воопшто, за олеснување на комуницирањето на информации“ (Times Newspapers Ltd c. Royaume-Uni (бр. 1 и 2), бр. 3002/03 и 23676/03, § 27, ЕСЧП 2009). Можноста за поединците да се изразуваат на интернет претставува алатка без преседан за остварување на слободата на изразување (Delfi AS c. Estonie [ГС], бр. 64569/09, § 110, ЕСЧП 2015). Во оваа смисла, Судот смета дека ЈуТјуб е веб-сајт за хостирање на видеа, каде што корисниците можат да испратат, да гледаат и споделуваат видеа и дека тој претставува, без сомнение, важен начин за остварување на слободата на примање и пренесување на информации и идеи. Особено, како што жалителите со право тоа го забележале, политичките информации кои се игнорирани од страна на традиционалните медиуми често биле објавени преку ЈуТјуб, со што се овозможила појавата на граѓанско новинарство. Во оваа смисла, Судот прифаќа дека оваа платформа била уникатна, заради нејзините својства, нејзиното ниво на достапност и особено заради нејзиното потенцијално влијание, и дека, за жалителите, не постоела друга иста таква платформа.
53. Покрај тоа, Судот забележува дека, по воведувањето на овие жалби, Уставниот суд го испитал својството на жртви на активните корисници на веб-сајтовите, како што се и . Особено, во контекст на случајот во врска со административната одлука за блокирање на пристапот до ЈуТјуб, тој го признал статусот на жртва на активни корисници на ЈуТјуб, вклучувајќи ги господата Акдениз и Алтипармак. При донесувањето на овој заклучок, тој го зел во предвид главно тоа дека жалителите, кои имaле сметка на ЈуТјуб, активно го користеле овој сајт. Во врска со овие двајца жалители, тој, исто така, го зел во предвид фактот дека тие предавале во различни универзитети, дека работеле во областа на човековите права, дека пристапувале до различни визуелни материјали емитувани на сајтот во прашање и дека ги споделувале своите трудови преку сметките на ЈуТјуб (ставови 25-26 погоре).
Судот се согласува со заклучоците на Уставниот суд во врска со статусот на жртва на овие жалители. Исто така, тој констатира дека ситуацијата на г-дин Ченгиз, исто така активен корисник на ЈуТјуб, не се разликува од онаа на двајцата жалители во прашање.
54. Накусо, Судот забележува дека жалителите се жалат во основа на колатералните последици од мерката што била преземена против ЈуТјуб во рамките на интернет-законот. Жалителите тврдат дека, заради карактеристиките на ЈуТјуб, мерката за блокирање ги лишила од важно средство за остварување на нивното право на слободата на примање и пренесување на информации и идеи.
55.Во контекст на горенаведеното и во поглед на потребата да се применуваат флексибилно критериумите за признавање на статусот на жртва, Судот прифаќа дека, во конкретните околности на случајот, жалителите, иако не се директно цел на одлуката за блокирање на пристапот до ЈуТјуб, легално може да тврдат дека мерката во прашање имала влијание на нивното право на примање и пренесување на информации и идеи. Оттука, тој го отфрла прелиминарниот приговор на Владата во врска со статусот на жртва.
56. Понатаму, Судот потсетува дека членот 10 од Конвенцијата ја гарантира слободата на примање или на пренесување на информации и идеи за „секој човек“ и дека тој не прави никаква разлика врз основа на природата на бараната цел нити врз основа на улогата што физичките или правните лица ја имале во остварувањето на таа слобода. Членот 10 се однесува не само на содржината на информациите, туку исто така и на средствата за ширење на овие информации, бидејќи какво и да е ограничување на истите го допира и правото на примање и пренесување на информации. Исто така, Судот повторува дека членот 10 го гарантира не само правото на пренесување информации, но исто така, и правото на јавноста, да прима информации (Ahmet Yıldırım, précité, § 50).
57. Во овој случај, од елементите од предметот произлегува дека, како резултат на мерката наредена од страна на Кривичниот суд на 5 мај 2008 година, жалителите се нашле, во текот на долго време, во неможност да пристапат на ЈуТјуб. Како активни корисници на ЈуТјуб, тие значи можат легитимно да тврдат дека мерката во прашање имала влијание на нивното право на примање и пренесување на информации и идеи. Судот смета дека, каква и да била правната основа, таквата мерка имала за цел да влијае на пристапноста на интернет и дека, оттука, таа ја вклучувала надлежноста на тужената држава во согласност со членот 10 (idem, § 53). Според тоа, мерката во прашање претставува „мешање од страна на јавната власт“ во остварувањето на правата загарантирани со член 10.
58. Таквото мешање го прекршува членот 10 ако тоа не е „пропишано со закон“, ако не е насoчено кон една или повеќе легитимни цели во согласност со членот 10 § 2 и ако не е „неопходно во едно демократско општество“ за постигнување на таквата или таквите цел/и .
б) За оправданост на мешањето
59. Судот прво забележува дека зборовите „пропишано со закон“ содржани во ставот 2 од членот 10 не бараат само оспорената мерка да треба да има правна основа во домашното право, туку, исто така, се однесуваат на квалитетот на законот во прашање: така, таа мора да биде достапна за странките во постапката, предвидлива во однос на нејзините последици и во согласност со владеењето на правото (видете, меѓу многу други, Dink, § 114). Според востановената судска пракса, стандардот се смета за „предвидлив“ кога тој е формулиран со доволна прецизност за да овозможи на секое лице, кое по потреба може да побара правен совет, да го усогласи своето однесување (видете, меѓу многу други, RTBF c. Belgique, бр. 50084/06, § 103, ЕСЧП 2011, и Altuğ Taner Akçam, претходно наведена, § 87).
60. Во овој случај, Судот забележува дека блокирањето на пристапот до сајтот предмет на правната постапка имало законска основа, имено членот 8 § 1 од Законот бр. 5651. На прашањето дали оваа одредба, исто така, ги исполнува условите за пристапност и предвидливост, жалителите сметаат дека одговорот е негативен, со оглед на тоа дека оваа одредба, според нив, е премногу неизвесна.
61. Судот потсетува дека, во случајот Ahmet Yıldırım (претходно наведен, видете, особено §§ 61-62), тој го испитал прашањето за тоа дали мешањето било „пропишано со закон“, и дека одговорот бил негативен. Особено, тој сметал дека Законот бр. 5651 не го дозволувал блокирањето на пристапот до целиот веб-сајт заради содржината на веб страница што ја хостирал. Така, во согласност со членот 8 § 1 од овој закон, само блокирањето на пристапот до одредена публикација можело да се наложи ако имало доволно основи за сомневање дека, по својата содржина, таквата публикација сочинувала казнени дела наведени во законот. Покрај тоа, овој заклучок на Судот бил проследен од страна на Уставниот суд со неговите две одлуки донесени по донесувањето на пресудата Ahmet Yıldırım (претходно наведена) (видете ставови 25-26 погоре).
62. Во оваа смисла, Судот нагласил особено (idem, § 64), дека таквите претходни рестрикции не се, а приори некомпатибилни со Конвенцијата. Сепак, тие мора да се дел од законска рамка особено строга во однос на делимитирањето на забраната, и ефикасна во однос на судската контрола против евентуалните злоупотреби. Судска ревизија на такви мерки што ја врши судија, која се заоснова на балансирање на спротивставените интереси и се стреми кон воспоставување на рамнотежа помеѓу овие интереси, е незамислива без поставување на јасни и специфични правила за примената на превентивни ограничувања на слободата на примање и пренесување на информации и идеи.
63. Но, треба да се забележи во овој случај дека, кога кривичниот суд во Анкара одлучил да го блокира целосно пристапот до ЈуТјуб, ниту една законска одредба му доделувала таквo oвластување на судот.
64. Така, се чини од забелешките на Владата и од праксата на турските власти дека технологијата на филтрирање на URL за веб-сајтовите кои се базирани во странство не е достапна во Турција. Поради тоа, во пракса, административно тело, имено ПТИ, одлучува да блокира секаков пристап до целиот сајт во прашање за да ги изврши судските одлуки кои се однесуваат на одредена содржина. Меѓутоа - Судот веќе тоа го кажа во својата пресуда Ahmet Yıldırım (цитирана погоре, § 66) - властите требало да го земат во предвид тоа дека таква мерка, со која голема количина на информации станувала недостапна, единствено можела да има големо влијание врз правата на корисниците на интернет и да има значајни колатерални последици.
65. Во светлината на овие согледби и на испитувањето на законодавството во прашање онака како што било применето во овој случај, Судот заклучува дека мешањето што произлегло од членот 8 од Законот 5651 не го исполнувало условот на законитост што го наметнува Конвенцијата и дека оваа последна одредба не им овозможила на жалителите да уживаат доволен степен на заштита потребен за владеењето на правото во едно демократско општество. Покрај тоа, се чини дека одредбата во прашање се судира со самата формулација на ставот од 1 членот 10 од Конвенцијата, според кој правата признати во овој член важат „без оглед на границите“ (idem, § 67).
66. Според тоа, има повреда на членот 10 од Конвенцијата.
67. Со оглед на овој заклучок, Судот смета дека не е потребно во овој случај да се направи ревизија на почитувањето на другите услови од ставот 2 на член 10 од Конвенцијата.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 6 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
68. Повикувајќи се на членот 6 од Конвенцијата, г-дин Ченгиз се жали дека не му било овозможено користење на ефективен правен лек за целите на ревизијата на оспорената мерка од страна на суд и на казнувањето на можната злоупотреба на властите.
69. Со оглед на утврдувањето на повреда до кое дошол во областа на членот 10 од Конвенцијата (види став 65 погоре), Судот смета дека ги испитал главните правни прашања поставени од овој случај. Со оглед на сите факти на случајот, тој смета дека не е потребно да се одлучува одделно ниту за допуштеноста ниту за основаноста на жалбениот навод според членот 6 од Конвенцијата (видете, во таа насока, Ahmet Yıldırım, нитирана погоре, § 72).
IV. ЗА ПРИМЕНАТА НА ЧЛЕНОВИТЕ 41 И 46 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
70. Во нивната жалбена апликација, годподата Акдениз и Алтипармак бараат секој по 1 000 евра (ЕУР) за материјална штета и истиот износ за трошоци и надоместоци. Што се однесува до г-дин Ченгиз, тој не поднел никакво барање врз овие основи, со оглед на тоа дека утврдувањето на повреда само по себе претставува правичен надомест.
Освен тоа, согласно членот 46 од Конвенцијата, жалителите бараат од Судот да укаже на тужената Влада кои општи мерки би можеле да се преземат за да се стави крај на оспорената ситуација.
71. Владата вели дека е против доделување на каков и да е паричен износ на жалителите. Дополнително, таа смета дека утврдувањето на постоење на повреда само по себе би претставувало правичен надоместок.
72. Судот забележува дека господата Акдениз и Алтипармак ги поднеле своите барања за правичен надомест само во жалбениот образец. Оттука, тие не го испочитувале членот 60 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот, ниту ставот 5 од практичното упатство во врска со поднесување на барање за правичен надомест, кое предвидува Судот „да ги отфрли барањата поднесени во жалбените наводи, кои не се повторени во соодветната фаза од постапката“. Барањето за правичен надомест, оттука, треба да се отфрли (видете, меѓу другите, Anđelković c Serbie, бр. 1401/08, § 33, 9 април 2013).
73. Во контекст на горенаведеното и, со оглед на позицијата на г-дин Ченгиз во однос на членот 41 од Конвенцијата, Судот смета дека утврдувањето на повреда претставува доволен правичен надомест за секоја претрпена нематеријална штета што можела да биде претрпена од страна на г-дин Ченгиз.
74. Во однос на жалбените наводи на жалителите согласно членот 46 од Конвенцијата, Судот потсетува дека тој заклучил дека имало повреда на Конвенцијата особено поради тоа дека мерката за блокирање на пристапот до ЈуТјуб наложена од домашните судови немала правна основа и дека законодавството, онака како што било во сила во времето на случувањата, не им овозможило на жалителите да уживаат доволен степен на заштита потребен за владеењето на правото во едно демократско општество (став 62 погоре). Овој заклучок подразбирал дека повредата на правото на жалителите потекнувала од структурен проблем.
75. Судот забележува дека, по поднесувањето на овој случај, Законот бр. 5651 бил изменет. Според член 8 A 3), блокирањето на пристапот до целиот веб-сајт отсега може да се нареди доколку се исполнети условите наведени во таа одредба (став 22‑погоре). Тој смета дека во овој поглед е корисно да се појасни дека, дури и ако странките детално ги коментирале овие измени во нивните забелешки, тие биле поднесени откако судот го наредил блокирањето на пристапот до ЈуТјуб без никаква правна основа. Во оваа смисла, Судот потсетува дека тој нема за задача да се произнесе in abstracto за компатибилноста со Конвенцијата на правниот режим на блокирањето на пристапот до веб-сајтови онаков како што бил во Турција, во времето на случувањата, или каков што е сега. Од друга страна, пак, тој мора да го оцени in concreto влијанието на одредбите во прашање на правото на жалителите на слобода на изразување загарантирано со членот 10 од Конвенцијата. Според тоа, тој мора да разгледа дали одредбите во прашање довеле до повреда на членот 10 во однос на жалителите (видете Nikolova c. Bulgarie [ГС], бр. 31195/96, § 60, ЕСЧП 1999‑II). Во контекст на погоре наведеното, тој не смета дека е неопходно, во околностите на овој случај, да одлучува за барањето на жалителите да се изрече судска забрана подчленот 46 од Конвенцијата.
ПОРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО,
1. Одлучи да ги спои жалбите;
2. Го прогласи жалбениот навод според членот 10 од Конвенцијата за допуштен ;
3.Одлучи дека имало повреда на членот 10 од Конвенцијата;
4. Одлучи дека нема потреба да одлучува посебно ниту за допуштеноста ниту за основаноста на жалбениот навод според членот 6 од Конвенцијата;
5. Одлучи дека утврдувањето на повредата претставува доволен правичен надомест за нематеријалната штета претрпена од страна на г-дин Ченгиз;
6. Го отфрли барањето за правичен надомест за остатокот.
Изготвено на француски јазик, и доставено на писмено на 1-ви декември 2015 година, согласно член 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Стенли НејсмитПол Леменс
Секретар на судотПретседател
Кон оваа пресуда прикачено е, согласно членот 45 став 2 од Конвенцијата и членот 74 став 2 од Деловникот, експозето на издвоеното мислење на судијата Леменс.
П.Л.
С.Х.Н.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe ()). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy