© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА ЦЕНТАРОТ ЗА ПРАВНИ РЕСУРСИ ВО ИМЕ НА ВАЛЕНТИН КАМПЕАНУ ПРОТИВ РОМАНИЈА
(Жалба бр. 47848/08)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
17 јули 2014 г.
Оваа пресуда е конечна но може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот на Центарот за правни ресурси во име на Валентин Кампеану против Романија,
Европскиот суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Диан Шпилман (Dean Spielmann), претседател,
Гвидо Раимонди (Guido Raimondi),
Инета Зиемеле (Ineta Ziemele),
Изабел Беро-Лефевр (Isabelle Berro-Lefèvre),
Алвина Ѓулумјан (Alvina Gyulumyan),
Давид Тор Бјоргвинсон (David Thór Björgvinsson),
Јан Шикута (Ján Šikuta)
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Луиз Лопез Гера (Luis López Guerra),
Леди Бјанку (Ledi Bianku),
Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria),
Кристина Пардалос (Kristina Pardalos),
Винсент А. де Гаетано (Vincent A. de Gaetano),
Ангелика Нусбергер (Angelika Nußberger),
Пауло Пинто де Албукерки (Paulo Pinto de Albuquerque),
Пол Махони (Paul Mahoney),
Јоханес Силфис (Johannes Silvis), судии,
и Мајкл О’Бојл (Michael O’Boyle), заменик секретар,
Откако го разгледа случајот на затворени седници на 4 септември 2013 г. и на 26 мај 2014 г.,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнува од жалбата (бр. 47848/08) против Романија поднесена до Судот согласно Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на романска невладина организација, Центарот за правни ресурси („ЦПР“), во име на г-динот Валентин Кампеану, на 2 октомври 2008 г.
2. Интерајтс (Interights), кои до 27 мај 2014 г. имаа својство на советници на ЦПР, беа претставувани од г-динот Ц. Кожокариу, адвокат со пракса во Лондон. Романската Влада („Владата“) беше претставена од својот агент, г-а Ц. Брумар, од Министерството за надворешни работи.
3. ЦПР тврдеше во име на Валенти Кампеану дека тој бил жртва на повреда на членовите 2, 3, 5, 8, 13 и 14 од Конвенцијата
4. На 7 јуни 2011г. Владата беше информирана за жалбата. Исто така беше одлучено во исто време да се одлучи и во однос на допуштеноста и основаноста на жалбата (член 29 § 1).
5. Беа примени коментари од трета странка од Хјуман Рајтс Воч (Human Rights Watch), Евро-регионалниот центар за јавни иницијативи (Euroregional Center for Public Initiatives), Бугарскиот хелсиншки комитет и Центарот за застапување на лица со ментален хендикеп (Mental Disability Advocacy Center), на кои претседателот им дозволи да се вклучат во постапките (член 36 § 2 од Конвенцијата и правилото 44 § 3 од Деловникот на Судот). Комесарот на Советот на Европа за човекови права го искористи своето право да се вклучи во постапките и поднесе писмени коментари (член 36 § 3 од Конвенцијата и правилото 44 § 2).
Владата одговори на тие коментари (правило 44 § 5).
6. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 4 септември 2013 година (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(a) за Владата
Г-аЦ. Брумар (C. Brumar),агент,
Г-динГ. Кајан (G. Caian),адвокат,
Г-динД. Думитраке (D. Dumitrache),ко-агент;
(б) за ЦПР
Г-аГ. Јоргулеску (G. Iorgulescu), извршен директор, ЦПР,
Г-аГ. Паску (G. Pascu), раководител на Програма, ЦПР,
Г-динЦ. Кожокариу (C. Cojocariu), адвокат, Interights, адвокат;
(в) за Комесарот за човекови права на Советот на Европа
Г-динН. Муижниекс (N. Muižnieks), комесар за човекови права,
Г-аИ. Гаше (I. Gachet), директор, Канцеларија на комесарот за човекови права,
Г-аА. Вебер (A. Weber), советник, Канцеларија на комесарот за човекови права.
Судот ги сослуша обраќањата на г-ата Брумар, г-динот Кожокариу, г-ата Јоргулеску и г-динот Муижниекс. Г-ата Брумар, г-динот Кожокариу и г-ата Јоргулеску потоа дадоа одговор и на прашањата поставени од страна на Судот.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
А. Смртта на Валентин Кампеану
1. Фактичка позадина
7. Валентин Кампеану, маж со ромско етничко потекло, бил роден на 15 септември 1985 г. Неговиот татко бил непознат, а неговата мајка, Флорика Кампеану, која починала во 2001 г. го напуштила веднаш по неговото раѓање. Г-динот Кампеану затоа бил сместен во сиропиталиште, Корлате центарот, каде што пораснал.
Во 1990 г. г-динот Кампеану добил дијагноза дека е ХИВ позитивен. Подоцна добил дијагноза и за „тешка попреченост во интелектуалниот развој, коефициент на интелигенција 30 и ХИВ“ и соодветно бил класификуван дека ѝ припаѓа на групата со „тежок“ хендикеп. Со време ги развил и другите попратни симптоми како што се белодробна туберкулоза, пневмонија и хроничен хепатит.
Во март 1992 г. бил префрлен во Крајова центарот за деца со хендикеп, а подоцна во Крајова бр. 7 Центарот за сместување („Центарот за сместување“).
2. Проценките 2003-2004
8. На 30 септември 2003 г. Панелот за заштита на деца на Округот Дољ („Панелот“) наложил дека државата повеќе не требала да се грижи за г-динот Кампеану. Оваа одлука била оправдана на основ дека г-динот Кампеану наполнил 18 години и во тоа време не бил запишан во никаква образовна институција.
Иако социјалниот работник кој работел со г-динот Кампеану предложил да биде префрлен во локалниот Центар за невропсихолошко лекување и рехабилитација, Панелот наложил надлежниот социјален работник да ги преземе сите неопходни мерки за г-динот Кампеану да биде префрлен во Невропсихијатриската болница во Појана Маре („ПМБ“). Согласно релевантното право, одлуката можела да биде оспорена пред Окружниот суд на Крајова.
Г-динот Кампеану не бил лично присутен и не бил застапуван на расправата одржана од страна на Панелот.
9. На 14 октомври 2003 г. здравствената состојба на г-динот Кампеану била повторно проверена од Панелот за лекарски преглед на возрасни со хендикеп на Окружниот совет на Дољ. Проценката покажала само ХИВ инфекција и дека ѝ припаѓа на групата со „просечен“ хендикеп. Исто така било споменато дека пациентот бил „социјално интегриран“.
10. Последователно на неутврден датум во октомври или ноември 2003 г., била направена медицинска и социјална проценка на г-динот Кампеану од страна на социјален работник и лекар од Центарот за сместување како предуслов за неговиот прием во центрите за здравствена и социјална нега. Под наслов „Правен застапник“ тие назначиле „напуштен при раѓање“, додека просторот под „лице за контакт во итни случаи“ бил оставен празен.
Наведената дијагноза била „тешка попреченост во интелектуалниот развој, позитивен на ХИВ“, без никакво упатување на претходна дијагноза (види параграф 9 горе). Следниве информации биле вклучени во извештајот од проценката: „потребен е надзор и повремена помош со личната нега“, а извештајот заклучува дека г-динот Кампеану можел да се грижи сам за себе, но истовремено му била потребна значителна поддршка.
11. Со писмо со датум од 16 октомври 2003 г. ПМБ го информирала Панелот дека не можела да го прими г-динот Кампеану, кој бил дијагностициран со ХИВ и ментален хендикеп, со оглед дека болницата не располагала со услови потребни за лекување на лица со таква дијагноза.
12. По ова одбивање, меѓу октомври 2003 г. и јануари 2004 г. Панелот и Одделот на Округот за заштита на правата на детето („Одделот за заштита на детето“) стапил во контакт со низа установи, од кои барале помош за да се пронајде установа за социјална грижа или психијатриска установа која би била подготвена да го прими г-динот Кампеану. Укажувајќи дека ПМБ одбиле да го примат пациентот затоа што имал ХИВ, Одделот за детска заштита побарал соработка со засегнатите институции споменувајќи дека состојбата на г-динот Кампеану „не неопходно барала да биде хоспитализиран, туку пред сè да има континуиран надзор во специјалистичка институција“.
3. Прием во Центарот за здравствена и социјална нега во Четате.
13. Панелот на крај го посочил Центарот за здравствена и социјална нега во Четате-Дољ („ЦМСЦ“) како соодветната установа за сместување на Валентин Кампеану. Во своето барање до ЦМСЦ, Панелот спомнал само дека г-динот Кампеану бил ХИВ позитивен, дека ѝ припаѓа на групата со просечен хендикеп, без да упати на неговите тешкотии со учењето.
14. На 5 февруари 2004 г. г-динот Кампеану бил примен во ЦМСЦ. Според извештајот издаден од ЦМСЦ и до ЦПР на 5 март 2004 г. со детали за неговата состојба при приемот, г-динот Кампеану бил во напредна фаза на „психијатриска и физичка деградација“, облечен во искината тренерка, без никаква долна облека или чевли и не примал никакви антиретровирусни („АРВ“) лекови и немало никакви информации за неговата здравствена состојба. Било забележано дека пациентот „одбивал да соработува“.
Во својата изјава до обвинителот на 22 јули 2004 г. во контекст на домашните постапки (опишани во дел Б подолу), М.В., лекарката кој го лекувала г-динот Кампеану во Центарот за сместување фактот дека не му давала соодветни ликови или информации го оправдувала со тоа што не знаела дали, во зависност од резултатите од последните испитувања (види параграф 9 горе), било потребно да се смени неговото лекување.
Лекарскиот преглед на г-динот Кампеану при приемот во ЦМСЦ заклучил дека тој страдал од „тешка попреченост во интелектуалниот развој, ХИВ инфекција и неисхранетост“. Во тоа време, тој бил висок 168 сантиметри, а тежел 45 килограми. Било споменато дека „не можел да се ориентира во време и простор и не можел ниту да јаде сам ниту сам да се грижи за сопствената лична хигиена“.
15. Вечерта на 6 февруари 2004 г. г-динот Кампеану се вознемирил. Според гореспоменатиот извештај на ЦМСЦ (види параграф 14 горе), утрото на 7 февруари 2004 г. „станал насилен, напаѓал други пациенти, скршил прозорец и го искинал душекот и неговата облека и чаршафи“. Му дале фенобарбитал, а потоа диазепам за да се смири.
4. Прегледот во ПМБ
16. На 9 февруари 2004 г. г-динот Кампеану бил однесен во ПМБ за да биде прегледан и да добие дијагноза и третман со оглед дека ова била најблиската психијатриска установа. Повторно бил дијагностициран со „тешка попреченост во интелектуалниот развој“. Меѓутоа неговата состојба била опишана како „нешто што не е итно од психијатриски аспект“, бидејќи „не бил вознемирен“. Д-р Л.Г. го дијагностицирала со „средна попреченост во интелектуалниот развој“ и му препишал лекови за смирување (карбамазепин и диазепам).
Од медицинската евиденција на ПМБ, не можело да се дојде до никакви информации за анамнезата на г-динот Кампеану при неговиот прием во болницата, бидејќи „тој не соработувал“. Во изјавата што им ја дала на истражните власти на 8 декември 2005 г., д-р Д.М. од ПМБ изјавила дека „пациентот бил различен бидејќи со него не можело да се комуницира и имал ментален хендикеп“.
5. Враќање во ЦМСЦ
17. Г-динот Кампеану бил вратен на ЦМСЦ истиот ден, но до тој момент неговото здравје значително се влошило. Во тоа време, ЦМСЦ добиле АРВ лекови и на тој начин неговото лекување со АРВ продолжило. И покрај овие мерки, неговата состојба не се подобрила, во медицинската евиденција стои дека тој и понатаму бил „вознемирен“ и „насилен“.
18. ЦМСЦ одлучиле дека заради тоа што ги немале потребните услови за лекување на состојбата на г-динот Кампеану, било невозможно да го задржат. Болницата испратила барање до Центарот за сместување за негово упатување во друга установа. Меѓутоа Центарот за сместување го одбил барањето по основ дека тој веќе „не бил под нивна надлежност“.
19. На 11 февруари 2004 г. Е.О, директорката на ЦМСЦ наводно се јавила во Одделот за јавно здравје на Округот Дољ и побарала да најдат решение кое ќе овозможело г-динот Кампеану да биде префрлен во установа која била посоодветна за третман на неговите здравствени проблеми. Се чини дека таа била советувана да го префрли во ПМБ на четири или пет дена за психијатриско лекување.
6. Префрлањето во ПМБ
20. На 13 февруари 2004 г. г-динот Кампеану бил префрлен од ЦМСЦ во ПМБ, со договор дека неговиот престој во ПМБ би траел три или четири дена со цел да се направи обид да му се даде третман за неговото хиперагресивно однесување. Бил сместен во Психијатрискиот оддел V.
21. На 15 февруари 2004 г. г-динот Кампеану ѝ бил доделен на д-р Л.Г. да се грижи за него. Со оглед на фактот дека г-динот Кампеану бил ХИВ позитивен, лекарката одлучила да го префрли на Психијатрискиот оддел VI. Таа и понатаму била одговорна за неговото психијатриско лекување, со оглед дека во тој оддел имало само двајца општи лекари, но не и специјалисти и ниеден психијатар.
22. На 19 февруари 2004 г. г-динот Кампеану престанал да јаде и одбивал да ги прима лековите. Затоа му било препишано интравенозно лекување кое вклучувало и гликоза и витамини. Кога бил прегледан од лекарот тој утврдил „лоша општа состојба“.
7. Посета од персоналот на ЦПР
23. На 20 февруари 2004 г. тим на набљудувачи од ЦПР ја посетиле ПМБ и ја забележале состојбата на г-динот Кампеану. Според информациите дадени во извештајот на персоналот на ЦПР во врска со посетата, г-динот Кампеану бил сам во изолирана соба, без греење и заклучен, во која имало само кревет без никаква постелнина. Носел само горна пижама. Во тоа време ниту можел да јаде ниту да оди во тоалет без помош. Меѓутоа, персоналот во ПМБ одбивал да му помогне, наводно од страв да не се заразат со ХИВ. Последователно, единствената исхрана што ја добивал г-динот Кампеану била гликоза преку инфузија. Во заклучокот од извештајот се вели дека болницата не успеала да му ја обезбеди најосновната нега и лекување.
Претставниците на ЦПР изјавиле дека побарале тој под итно да биде префрлен во Болницата за заразни болести во Крајова, каде ќе можел да добива соодветно лекување. Меѓутоа управникот на болницата негативно одговорил на барањето со уверување дека пациентот не бил „ниту итен случај, ниту социјален случај“, и дека во секој случај немало да може да го издржи патот.
24. Валентин Кампеану починал вечерта на 20 февруари 2004 г. Според неговата посмртница издадена на 23 февруари 2004 г., директната причина за смртта бил кардио-респираторна инсуфициенција. Во неа исто така се велело дека ХИВ инфекцијата била „примарната причина за смртта“, и ја посочува „тешката попреченост во интелектуалниот развој како „друга важна причина за смртта“.
25. И покрај законските одредби според кои било задолжително да се направи аутопсија кога смртта ќе настане во психијатриска болница (заеднички налог бр. 1134/255/2000 на министерот за правда и министерот за здравство), ПМБ не извршиле аутопсија на телото, изјавувајќи дека „не се сметала за сомнителна смрт, со оглед дека пациентот имал две сериозни состојби“ (имено попреченост во интелектуалниот развој и ХИВ инфекција).
26. Не знаејќи за смртта на г-динот Кампеану на 21 февруари 2004 г. ЦПР изготвиле неколку итни писма кои ги испратиле до повеќе локални и централни органи, вклучително и министерот за здравство, префектот на Округот Дољ, градоначалникот на Појана Маре и директорот на Одделот за јавно здравје на Округот Дољ, нагласувајќи ја крајно итната состојба и фактот дека бил префрлен во институција која не можела да му обезбеди соодветна нега со оглед на неговата ХИВ инфекција; ЦПР понатаму го критикувале несоодветниот третман што го добивал и побарале да се преземат итни мерки заради справување со состојбата. Понатаму изјавиле дека приемот на г-динот Кампеану во ЦМСЦ и последователното префрлање во ПМБ претставувале повреда на неговите човекови права, и итно барале да се спроведе соодветна истрага по ова прашање.
На 22 февруари 2004 г. ЦПР дале соопштение за печатот во кое се посочени условите и третманот што го добивале пациентите во ПМБ, со посебно упатување на случајот на г-динот Кампеану и со барање за итна акција.
Б. Домашните постапки
1. Кривични жалби поднесени од страна на ЦПР
27. Во писмото од 15 јуни 2004 г. до главниот обвинител на Романија, ЦПР побарале информации до каде стои работата со постапката по кривичната жалба што ја поднеле до таа институција на 23 февруари 2004 г. во врска со околностите што довеле до смртта на Валентин Кампеану; во жалбата било нагласено дека г-динот Кампеану не бил сместен во соодветна здравствена установа согласно неговата здравствена и ментална состојба.
28. Истиот ден ЦПР поднеле уште две дополнителни кривични жалби, една до обвинителството при Областниот суд на Крајова и другата до обвинителството при Окружниот суд на Крајова. ЦПР го повториле своето барање за отворање на кривична истрага во врска со околностите кои довеле до смртта на г-динот Кампеану, тврдејќи дека биле извршени следниве дела:
(i) запоставување, од страна на вработените од Одделот за заштита на детето и Центарот за сместување (член 249 § 1 од Кривичниот законик);
(ii) злоупотреба на службена позиција и неисполнување на службена должност спротивно на интересите на едно лице и ставање на во опасност на лице кое не може да се грижи за себе, од страна на вработените на ЦМСЦ (членовите 246 и 314 од Кривичниот законик); и
(iii) убиство од невнимание или загрозување на лице кое не може да се грижи за себе од страна на вработените на ПМБ (член 178 § 2 и член 314 од Кривичниот законик).
ЦПР понатаму тврдеше дека Панелот за лекарски преглед погрешно го класифицирал г-динот Кампеану во групата со среден хендикеп, спротивно на претходните и последователните дијагнози (види параграф 9 горе). Од друга страна, Одделот за заштита на детето не успеало да спроведе постапки за назначување на старател кога г-динот Кампеану станал полнолетен, со што била повредена постоечката законска регулатива.
Исто така Центарот за сместување не успеал да им ги обезбеди потребните АРВ лекови на персоналот на ЦМСЦ кога г-динот Кампеану бил префрлен таму на 5 февруари 2004 г., што можеби ја предизвикало смртта две недели подоцна.
ЦПР исто така тврдеше дека префрлањето од ЦМСЦ во ПМБ било непотребно, несоодветно и спротивно на постоечката законска регулатива, а мерките биле преземени без согласност на пациентот или на неговиот застапник, согласно барањата на Законот за правата на пациентите (Закон бр. 46/2003).
И конечно ЦПР тврдеше дека г-динот Кампеану не добил адекватна нега, лекување или исхрана во ПМБ.
29. На 22 август 2004 г. Вишото обвинителство ги информирале ЦПМ дека случајот бил проследен до Обвинителството на Окружниот суд на Дољ за да биде истражен.
На 31 август 2004 г. Обвинителството на Окружниот суд на Дољ ги информирале ЦПР дека кривичното досие било отворено по нивната жалба и дека истрагата му била доделена на Секторот за кривична истрага при Окружниот оддел на полицијата во Дољ („Полицијата“).
2. Извештај од судска медицина
30. На 14 септември 2004 г., на барање на обвинителството, бил издаден извештај од судска медицина од страна на Институтот за судска медицина на Крајова. Врз основа на поднесената медицинска евиденција извештајот го заклучува следново:
„На пациентот му било препишан медицински третман за ХИВ и за неговата психијатриска состојба, при што третманот е правилен и соодветен во дозирањето, и во согласност со клиничката и имунолошката состојба на пациентот.
Не може да се утврди со сигурност дали пациентот навистина ги примал лекарствата со оглед на неговата напредна состојба на психосоматска деградација.“
31. На 22 октомври 2004 г. телото на Валентин Кампеану било ексхумирано и била направена аутопсија. Последователно бил издаден извештај од судска медицина на 2 февруари 2005 г., забележувајќи дека телото покажувало напредни знаци на кахексија и го заклучува следново:
„... смртта не била насилна. Настанала како резултат на кардиореспираторна инсуфициенција предизвикана од пневмонија, компликација која настанала како резултат на напредувањето на ХИВ инфекцијата. При ексхумацијата, не се забележани никакви траги на насилство.“
3. Одлуки на обвинителите
32. На 19 јули 2005 г. обвинителството при Окружниот суд на Дољ одлучил да не покрене обвинение заземајќи став меѓу другото дека согласно поднесените докази лекувањето што му било обезбедено на пациентот било соодветно и дека смртта не била насилна туку била предизвикана од компликации кои настанале со напредување на ХИВ инфекцијата на г-динот Кампеану.
33. На 8 август 2005 г. ЦПР се жалеле против оваа одлука до главниот обвинител на Обвинителството при Окружниот суд на Дољ тврдејќи меѓу другото дека некои од нивните претставки во врска со лекувањето на пациентот, наводниот прекин со лекувањето со АРВ и условите во кои живеел во болницата не биле разгледани.
На 23 август 2005 г. главниот обвинител ја прифатил жалбата, ја укинал одлуката од 19 јули 2005 г., и наредил повторно отворање на истрагата за сите аспекти на случајот да бидат испитани. Биле дадени посебни насоки за одредени медицински документи кои требале да бидат разгледани, откако ќе биле обезбедени од Болницата за инфективни болести во Крајова, Центарот за сместување, ЦМСЦ и ПМБ. Лекарите кои го лечеле г-динот Кампеану биле испрашани. Околностите во кои лечењето со АРВ му било или не било дадено на пациентот додека бил во ЦМСЦ и во ПМБ требало да се разјаснат, особено со оглед дека медицинската евиденција во ПМБ не спомнувала ништо во врска со тоа.
34. На 11 декември 2006 г. обвинителството при Окружниот суд на Дољ одлучило дека согласно новите процедурални правила што биле на сила, тие немале јурисдикција да ја спроведат истрагата и го упатиле случајот до обвинителството при Областниот суд на Калафат.
4. Дисциплински постапки
35. На 11 јануари 2006 г. Полицијата побарала од Лекарското здружение на Округот Дољ („Лекарското здружение“) да достави мислење за тоа дали „терапевтскиот пристап бил правилен со оглед на дијагнозите [утврдени во извештајот од аутопсијата] и дали имало индикации за несовесно лечење“.
На 20 јули 2006 г. Дисциплинскиот одбор на Лекарското здружение одлучило дека не постоеле основи за преземање на дисциплински мерки против персоналот во ПМБ:
„... психотерапевтското лекување, согласно она што е заведено во клиничките белешки од набљудувањето од страна на ПМБ, било соодветно ... [па оттука] ... добиените информации сугерираат дека одлуките на лекарите биле правилни, без никаков сомнеж за можно несовесно лекување [а со оглед на] опортунистичка инфекција поврзана со несоодветно третирање на ХИВ.“
Таа одлука била оспорена од Полицијата, но на 23 ноември 2006 г. ова било отфрлено како застарено.
5. Нова одлука да не се покрене обвинение и последователните жалби
36. На 30 март 2007 г. Обвинителството при Окружниот суд на Дољ издало нова одлука да не покренува обвинение. Обвинителот се потпирал во своето образложение на доказите наведени во досието, како и на одлуката издадена од Дисциплинскиот одбор на Лекарското здружение.
37. ЦПР поднел жалба против таа одлука изнесувајќи дека мнозинството насоки дадени во одлуката на главниот обвинител од 23 август 2005 г. (види параграф 33 горе) биле игнорирани. Жалбата била отфрлена од страна на главниот обвинител на Обвинителството при Областниот суд на Калафат на 4 јуни 2007 г. Краткото образложение во одлуката упатува на заклучоците на извештајот од судска медицина од 14 септември 2004 г. и одлуката на Лекарското здружение од 20 јули 2006г.
На 10 август 2007 г. ЦПР ја оспорил одлуката пред Областниот суд на Калафат.
38. На 3 октомври 2007 г. Областниот суд на Калафат ја прифатил жалбата и ги укинал одлуките од 30 март 2007 г. и 4 јуни 2007 г. и наредил повторно отворање на истрагата, одлучувајќи дека неколку аспекти од смртта на г-динот Кампеану не биле испитани и дека требале да се обезбедат повеќе докази.
Недостатоците наведени од страна судот биле следниве: повеќето документи кои требале да бидат обезбедени од Болницата за инфективни болести во Крајова и од Центарот за сместување всушност не биле приложени во досието од истрагата (судските документи врз основа на кои г-динот Кампеану бил примен во ЦМСЦ и префрлен во ПМБ; направените клинички и параклинички тестови; записниците од распитот на лекарите и медицинските сестри кои биле одговорни за негата на г-динот Кампеану; и упатствата за тестирање на ХИВ). Не биле разјаснети контрадикторностите во изјавите на оние кои биле вклучени во приемот на г-динот Кампеану во ЦМСЦ, ниту околностите во врска со прекинот на неговиот АВР третман по неговото префрлање во ПМБ. Исто така спротивставените тврдења на медицинскиот персонал од ЦМСЦ и ПМБ во врска со наводната „состојба на вознемиреност“ на г-динот Кампеану исто така не била разјаснета.
Истражителите исто така не успеале да добијат потврда дали медицинскиот персонал во ПМБ ги направиле неопходните тестови по приемот на г-динот Кампеану и дали примал АРВ или некаков друг соодветен лек. Истражителите не успеале да го утврдат потеклото на едемата забележана на лицето и долните екстремитети на г-динот Кампеану и дали терапевтскиот пристап усвоен во ПМБ бил исправен. Заради овие пропусти, барањето за мислење од Лекарското здружение било прерано и требало повторно да се поднесе по заокружувањето на досието од истрагата.
39. Обвинителството при Областниот суд на Калафат се жалело против оваа пресуда. На 4 април 2008 г. Окружниот суд на Дољ ја прифатил жалбата, ја укинал пресудата на Областниот суд на Калафат и ја отфрлил жалбата на ЦПР во врска со одлуката од 30 март 2007 г. да не покрене обвинение.
Судот главно се потпирал на заклучоците од извештајот од судска медицина и извештајот од аутопсијата, како и на одлуката на Лекарското здружение, кои сите тврделе дека немало никаква причинско последична поврзаност меѓу лекувањето на г-динот Кампеану и неговата смрт.
В. Други постапки покренати од ЦПР
1. Во врска со г-динот Кампеану
40. Како одговор на жалбите поднесени од страна на ЦПР (види параграф 26 горе), на 8 март 2004 година префектот на Округот Дољ формирал комисија со задача да спроведе истрага во однос на околностите околу смртта на Валентин Кампеану. Комисијата била составена од претставници од Одделот за заштита на детето, Одделот за јавно здравје, Одделот за кривична истрага при Полицијата и Кабинетот на Префектот. Комисијата добила десет дена за да ја спроведе истрагата и да поднесе извештај во однос на своите наоди.
Заклучокот во извештајот на Комисијата бил дека сите процедури во врска со лекувањето на г-динот Кампеану по неговото пуштање од Центарот за сместување биле законски и оправдани со оглед на неговата дијагноза. Комисијата утврдила само една неправилност, а тоа била дека аутопсијата не била направена веднаш по смртта на г-динот Кампеану, со што бил повреден постоечкиот закон (види параграф 25 горе).
41. На 26 јуни 2004 г. ЦПР поднеле жалба до Националниот орган за заштита и усвојување на деца („Националниот орган“), со критика во однос на неколку пропусти, главно поврзани со тоа што не бил назначен старател за г-динот Кампеану и за негово сместување во соодветна здравствена институција. ЦПР ја повтори својата жалба од 4 август 2004 г, поднесувајќи дека погрешното префрлање на г-динот Кампеану во ПМБ можело да покрене прашања кои потпаѓаат под член 5 § 1(д) од Конвенцијата.
Како одговор на овие наводи Националниот орган објавил извештај на 21 октомври 2004 г. во врска со околностите поврзани со смртта на г-динот Кампеану. Националниот орган признал дека Панелот делувал ultra vires кога наредил г-динот Кампеану да биде примен во ПМБ. Меѓутоа, тој вели дека во секој случај од наредбата немало никаква последица, со оглед дека институцијата првично одбила да го прими г-динот Кампеану (види параграф 11 горе).
Националниот орган заклучил дека Одделот за заштита на детето делувал во согласност со начелата на професионална етика и најдобрата пракса со префрлањето на г-динот Кампеану во ЦМСЦ. Истовремено, Националниот орган изјавил дека не бил овластен да суди за последователното префрлање на г-динот Кампеану во ПМБ.
Слично на тоа Националниот орган одбил да даде мислење за наводната погрешна категоризација на г-динот Кампаену во групата на лица со среден хендикеп или она што се случило по неговиот прием во ЦМСЦ.
42. На 24 март 2004 г. Одделот за јавно здравје при Округот Дољ ја информирал ЦПР дека комисија составена од функционери од различно нивоа во земјата заклучиле дека „немало повреда на човековите права“ во однос на смртта на г-динот Кампеану, бидејќи неговото последователно примање во болницата било оправдано со член 9 од Законот бр. 584/2002 за мерките за спречување на ширењето на ХИВ инфекција и заштита на лицата заразени со ХИВ или кои страдаат од СИДА.
2. Во врска со други пациенти
43. На 16 март 2005 г. по кривична истрага во врска со смртта на седумнаесетгодишен пациент на ПМБ, Главното обвинителство испратило писмо до Министерството за здравство, со барање да преземат одредени административни мерки за справување со состојбата во болницата. Иако според нив немало кривична повреда во врска со смртните случаи во прашање, во писмото се нагласуваат „административен недостатоци“ кои биле забележани во болницата и побарале да бидат преземени соодветни мерки во врска со следниве мерки:
„отсуство на греење во собите на пациентите; хипокалорична храна; недоволен број на персонал, кој бил слабо обучен за негување на пациенти со ментален хендикеп, недостаток на ефикасни лекови; крајно ограничени можности за спроведување на параклинички ипитувања..., сите овие фактори придонесуваат за појава на заразни болести, како и нивно прогресирање со смртни последици ...“
44. Во одлука од 15 јуни 2006 г. во врска со кривичната жалба поднесена од ЦПР во име на друг пациент, П.Ц., кој починал во ПМБ, Високиот суд за касација и правда го отфрлил приговорот на јавниот обвинител дека ЦПР немале locus standi. Тој утврдил дека ЦПР имале locus standi за постапка од оваа природа, со став да се осветлат околностите во кои седумнаесет пациенти починале во ПМБ во јануари и февруари 2004 г., во рамките на својот опсег на делување, и ги изнел целите како основа за заштита на човековите права. Судот го одлучил следново:
„Високиот суд смета дека на ЦПР можело да се гледа како на „секое друго лице чии легитимни интереси се повредени во рамките на значењето на членот 2781 од Законот за кривична постапка. Легитимноста на нивниот интерес е во барањето на ЦПР дека околностите кои довеле до смртта на седумнаесет пациенти во ПМБ во јануари и февруари 2004 г. да бидат утврдени и осветлени; оттука целта им била да се заштити правото на живот и забрана на мачење и малтретирање ... преку покренување на кривична истрага која би била ефективна и исцрпна за да се идентификуваат одговорните за повредите на гореспоменатите права, во согласност со условите од членовите 2 и 3 од Европската конвенција за човекови права. [Тие исто така се насочени] кон подигнување на свеста на општеството да ги заштити основните човекови права и слободи и да се обезбеди пристап до правдата, што кореспондира на изнесените цели на невладината организација.
Нивниот легитимен интерес е демонстриран со покренувањето на истраги кои во моментов сè уште се во тек.
Истовремено, можноста за ЦПР да поднесе жалба согласно членот 2781 ... претставува судски правен лек за кој жалителот има можност да го искористи, во согласност со одредбите на членот 13 од Европската конвенција за човекови права...“.
Г. Стручен извештај поднесен од ЦПР
45. ЦПР поднеле стручно мислење со датум од 4 јануари 2012 г. подготвено од д-р Адриаан ван Ес, член на Советодавниот тим за судска медицина и директор на Меѓународната федерација на организациите за здравство и човекови права (ИФХХРО), помогнат од Анка Боериу, проектен службеник на ИФХХРО. Мислењето се засновало на копии од докази кои ЦПР ги поднеле до Судот, вклучително и медицинската евиденција од ЦМСЦ и ПМБ.
Стручното мислење упатувало на „многу сиромашна, супстандардна, честопати и непостоечка“ медицинска евиденција во ПМБ и ЦМСЦ, каде описот на здравствената состојба на г-динот Кампеану бил „оскуден“. Таму се забележува дека додека бил во ПМБ пациентот никогаш не бил прегледан од лекар за инфективни болести. Исто така, спротивно на романското право, не била направена аутопсија веднаш по смртта на пациентот.
Во врска со лекувањето со АВР достапните документи не обезбедувале валидни информации за тоа дали ги добивал континуирано. Затоа како резултат на несоодветниот третман, г-динот Кампеану можеби страдал од повторување на ХИВ инфекцијата, како и од опортунистички инфекции како што е пневмоцистична пневмонија (пневмонијата се појавила и во извештајот од аутопсијата за причината за смртта). Во мислењето е забележано дека пневмонијата не била дијагностицирана или третирана додека пациентот бил во ПМБ или ЦМСЦ, иако се работи за често заболување кај пациентите со ХИВ. Никогаш не биле направени вообичаените лабораториски испитувања за следење на ХИВ статусот на пациентот.
Стручното мислење вели дека одредени знаци во однесувањето толкувани како психијатриски нарушувања можеле да бидат предизвикани од септикемија.
Оттука, ризиците од прекинатото лекување со АРВ, можноста за опортунистички инфекции и претходните проблеми со туберкулоза кај пациентот требале да резултираат со преместување на г-динот Кампеану на Оддел за инфективни болести во некоја општа болница, а не во психијатриска институција.
46. Извештајот заклучил дека смртта на г-динот Кампеану во ПМБ била заради „сериозна лекарска негрижа“. Менаџирањето на ХИВ и на опортунистичките инфекции не било согласно меѓународните стандарди и лекарската етика, а истото се однесувало и на советувањето и лекувањето што ги добил пациентот за неговиот сериозен интелектуален хендикеп. Дисциплинските постапки пред Дисциплинскиот одбор на Лекарското здружение исто така биле под стандардите и покажувале негрижа, во отсуство на важна медицинска документација.
Д. Историски информации за здравствените установи во Четате и Појана Маре
1. Невропсихијатриската болница во Појана Маре
47. ПМБ се наоѓа во Округот Дољ во јужна Романија, на 80 км од Крајова, во поранешна армиска база на простор од триесет и шест хектари земја. ПМБ има капацитет да прими 500 пациенти, како на доброволна така и на недоброволна основа, при што во вториот случај како резултат на граѓанска или кривична постапка. До пред неколку години, болницата исто така имала и оддел за пациенти со туберкулоза. Одделот бил преместен во еден град во близина под притисок од неколку национални и меѓународни агенции, вклучително и Европскиот комитет за спречување на тортура („КСТ“).
Во времето на релевантните настани, имено во февруари 2004 г. имало 436 пациенти во ПМБ. Лекарскиот персонал бил составен од пет психијатари, четири специјализанти по психијатрија и шест општи лекари.
Според извештајот на КСТ од 2004 г. (види став 77 долу), во тек на две последователни зими, 109 пациенти починале во ПМБ под сомнителни околности – осумдесет и еден меѓу јануари и декември 2003 и дваесет и осум во првите четири месеци од 2004 г. КСТ ја посетиле ПМБ три пати во 1995, 1999 и 2004 година; нивната последна посета била конкретно фокусирана на истражување на алармантниот пораст на стапката на смртност. По секоја посета КСТ објавувале многу критични извештаи, нагласувајќи ги „нечовечните и понижувачки услови за живот“ во ПМБ.
По посетата на неколку здравствени институции посочени како проблематични во извештаите на КСТ, меѓу кои и ПМБ, Министерството за здравство објавило извештај на 2 септември 2003 г. Таму се заклучува дека во ПМБ лековите што им биле давани на пациентите биле несоодветни, прво бидејќи немале врска со психијатриската дијагноза и предвидениот третман, и второ заради тоа што лекарските прегледи биле многу ограничени. Неколку пропусти биле утврдени во врска со раководната ефикасност и недоволниот број на лекарски персонал во однос на бројот на пациенти.
2. Центарот за здравствена и социјална нега во Четате.
48. Од информациите добиени од ЦПР се чини дека ЦМСЦ бил мал центар за здравствена и социјална нега, со капацитет од дваесет кревети на почетокот на 2004 г.; во тоа време имало осумнаесет пациенти во ЦМСЦ. Пред 1 јануари 2004 г. – кога бил назначен како центар за здравствена и социјална нега – ЦМСЦ бил психијатриска болница.
Согласно неговата акредитација за 2006-2009, ЦМСЦ бил овластен да дава услуги на возрасни соочени со тешки семејни состојби, со акцент на социјалната компонента од медицинската и социјалната нега.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Романскиот Кривичен законик
49. Релевантните делови од Романскиот кривичен законик кои биле на сила кога се случиле оспорените настани велат:
Член 114 – Прием во здравствена установа
„(1) Кога сторителот е ментално болен или зависник од дрога и е во состојба која претставував опасност за општеството, може да се нареди негов или нејзин прием во специјализирана здравствени установи до неговото или нејзиното оздравување.
(2) Оваа мерка исто така може да се преземе привремено за време на кривична постапка или судење.“
Член 178 – Убиство од небрежност
„(2) Убиството од небрежност како резултат на непочитувањето на законските одредби или превентивните мерки во врска со практикувањето на професијата или занаетот, или како резултат на извршување на одредено дејствие, ќе биде казниво со казна затвор од две до седум години.
Член 246 - Злоупотреба на службена должност и неисполнување на обврските спротивно на интересите на лицето
„Државен службеник кој, при вршењето на службените должности, свесно нема да направи нешто или ќе го направи на погрешен начин и со тоа ќе ги повредува законските интереси на друго лице ќе биде казнет со тоа што веднаш ќе добие казна затвор од шест месеци до три години.“
Член 249 – Небрежност при вршење на службена должност
„(1) Повредата на службената должност како резултат на небрежност од страна на државен службеник кој не ги извршил или ги извршила на погрешен начин своите должности, доколку таквата повреда предизвикала значителна повреда на работата на државниот орган или на правно лице, или бил оштетен неговиот имот или била нанесена штета на правните интереси на друго лице, ќе може да се казни со казна затвор од еден месец до две години или парична казна.“
Член 314 – Загрозување на лице кое не може да се грижи само за себе
„(1) За сктот на напуштање, отпуштање или оставање само беспомошно дете или лице кое не може да се грижи само за себе, извршено на каков било начин од лице на кое му бил доверен надзор или нега за него, или ако неговиот живот, здравје или физички интегритет директно бидат загрозени, следува казна со директна казна затвор од една до три години...“
Б. Романскиот Закон за кривична постапка
50. Постапката која се применува за жалбите поднесени до суд против одлуки донесени од обвинител за време на кривична постапки била утврдена со членовите 275-2781 од Законот кој бил на сила во времето на оспорените настани. Релевантните делови од овие членови го велат следново:
Член 275
„Секое лице може да поднесе жалба во однос на мерките и одлуките усвоени во текот на постапките на кривичната истрага, доколку истите ги повредиле неговите или нејзините легитимни интереси...“
Член 278
„Жалби против мерки или одлуки усвоени од обвинител или спроведени на барање на вториот ќе бидат разгледани од ... главниот обвинител во релевантниот сектор. ...”
Член 2781
„(1) Откако обвинителот ќе ја отфрли жалбата поднесена согласно членовите 275-278 во однос на прекинот на кривичната истрага ... со одлука да не се покрене обвинение (neurmărire penală) ..., повредената страна, или некое друго лице чии легитимни интереси биле повредени, може да се жали во рок од дваесет дена по известувањето за оспорената одлука, до судијата од судот кој вообичаено би бил првостепено надлежен за случајот...
(4) Лицето за кое обвинителот одлучил да ја преките кривичната истрага како и лицето кое поднело жалба против одлуката ќе бидат повикани да се појават пред судот. Доколку биле повикани на законски начин, нивното непојавување пред судот нема да го спречи разгледувањето на случајот. ...
(5) Присуството на обвинителот пред судот е задолжително.
(6) Судијата ќе му даде збор на жалителот и потоа на лицето за кое кривичната истрага била прекината, и конечно, до обвинителот.
(7) При разгледувањето на случајот, судијата ќе ја погледне оспорената одлука во однос на постоечките закони и материјал како и секакви други нови документи што биле поднесени.
(8) Судијата ќе одлучи на еден од следниве начини:
(а) да ја отфрли жалбата како застарена, недопуштена или неоснована и да ја потврди одлуката;
(б) да ја дозволи жалбата, да ја отфрли одлуката и да му го врати случајот на обвинителот со цел да покренеа или повторно да ја отвори кривичната истрага. Судијата ќе треба да даде образложение за таквото ослободување и, истовремено да ги посочи фактите и околностите кои бараат појаснување, како и релевантните докази кои треба да бидат обезбедени;
(в) да ја дозволи жалбата, да ја отфрли одлуката, и кога има доволно докази, да го врати случајот за дополнително испитување во согласност со деловникот што се применува првостепено и, согласно тоа, по жалба ...
(12) Судијата треба да ја разгледа жалбата во рок од триесет дена од денот на приемот.
(13) Жалба поднесена до погрешно тело ќе биде испратена, како административен чекор, до телото кое е надлежно да ја разгледа.“
В. Системот за социјална помош
51. Членот 2 од Законот за национална социјална помош (Закон бр. 705/2001), кој бил на сила во релевантниот период, го дефинира системот за социјална помош на следниов начин:
„...системот на институциите и мерките преку кои државата, државните власти и граѓанското општество обезбедуваат спречување, ограничување или отстранување на привремени или постојани последици од состојбите коишто можеби предизвикуваат маргинализација или социјално исклучување на некои поединци.“
Членот 3 го дефинира опсегот на системот за социјална помош, кој треба:
„...да ги заштити поединците кои заради економски, физички, ментални или социјални причини не можат да ги задоволат своите социјални потреби и да ги развијат своите сопствени можности и вештини за социјална интеграција.“
52. Прописот бр. 68/2003 во врска со социјалните услуги ги идентификува целите на социјалните служби на државата и го опишува процесот на одлучување во врска со доделувањето на социјални услуги.
Г. Законската рамка на здравствениот систем
53. Детален опис на релевантните правни одредби за менталното здравје може да се најде во случајот на Б. против Романија (бр. 2) (B. v. Romania (no. 2) (no. 1285/03, §§ 42-66, 19 February 2013)).
Законот бр. 487/2002 за ментално здравје и за заштита на лицата со психолошки нарушувања („Законот за ментално здравје од 2002“), кој стапи на сила во август 2002 г., пропишува процедура за задолжително лекување на лицето. Посебен психијатриски панел треба да ја одобри одлуката на психијатарот кој го лечи лицето дека истото треба да остане во болница на задолжително лечење во период од седумдесет и два часа од неговиот или нејзиниот прием во болница. Дополнително оваа проценка треба да биде разгледана во рок од дваесет и четири часа од страна на јавен обвинител чија одлука од своја страна може да биде обжалена на суд. Спроведувањето на одредбите од Законот зависеле од усвојувањето на потребната регулатива за нејзино спроведување. Регулативата била усвоена на 2 мај 2006 г.
54. Законот за болници (Законот бр. 270/2003) предвидува во член 4 дека болниците имале обврска да „обезбедат соодветно сместување и храна и спречување на инфекции“. Ова било укинато на 28 мај 2006 г., откако Законот за реформи во здравствената нега од 2006 г. (Законот бр. 95/2006) стапил на сила.
55. Законот за правата на пациентите (Закон бр. 46) уредува во членот 3 дека „пациентот ќе има право да биде почитуван како човечко суштество, без дискриминација“. Членот 35 предвидува дека пациентот има „право на континуирана лекарска нега до подобрување на неговото здравје или негово оздравување“. Исто така, „пациентот има право на палијативна нега за да може да умре достоинствено“. Потребна е согласност на пациентот за секаков вид на медицинска интервенција.
56. Наредбата бр. 1134/25.05.2000 издадена од министерот за правда, и наредбата бр. 255/4.04.2000 издадена од министерот за здравство, го одобриле деловникот во врска со лекарските мислења и други судски медицински услуги кои во членот 34 предвидуваат дека треба да се направи аутопсија кога ќе настапи смрт во психијатриска болница. Членот 44 бара од управата на здравствената установа да ги информира органите за кривична истрага кои мораат да побараат да се направи аутопсија.
57. Законот бр. 584/2002 за мерките за спречување на ширењето на ХИВ инфекција и заштита на лицата инфицирани со ХИВ или кои имаат СИДА во членот 9 предвидува дека здравствените центри и лекарите мора да ги хоспитализираат таквите лица и да им обезбедат соодветна медицинска нега согласно симптомите што ги манифестираат.
Д. Систем на старателство
1. Старателство за малолетници
58. Членовите 113 и 141 од Законот за семејство, кој бил на сила во времето на настаните во прашање, го регулира старателството за малолетник чии родители се починати, лишени од своите родителски права, не се способни да се грижат за него, исчезнати или се прогласени за мртви од судот. Законот за семејство ги регулирал условите со кои старателството е неопходно, како и назначувањето на старател (tutore), обврските на старателот, откажувањето на старателот и крајот на старателството. Институцијата со најширок опсег на обврски на ова поле бил органот за старателство (autoritatea tutelară) на кој, меѓу другото, му била доверена и обврската за надзор на активноста на старателите.
Во моментов старателството е уредено со членовите од 110 до 163 од Граѓанскиот законик. Новиот Граѓански законик бил објавен во Службениот весник бр. 511 од 24 јули 2009 г. и последователно повторно објавен во Службениот весник бр. 505 од 15 јули 2011 г. Истиот стапил на сила на 1 октомври 2011 г.
2. Постапката за неспособност и старателство на лица со хендикеп
59. Членовите 142 до 151 од Законот за семејство, кои биле на сила во времето на фактите на овој случај, ја регулирале постапката за неспособност (interdicţie), со која едно лице кое докажало дека не е способно да раководи со сопствените потреби ја губи својата правна способност.
Одлуката за неспособност може да биде усвоена и укината од страна на суд во однос на „оние кои не се способни да се грижат за своите интереси заради ментално нарушување и хендикеп“. Постапките за неспособни можат да бидат иницирани од широка група на лица, меѓу кои биле релевантните државни власти за заштита на малолетници или некое друго заинтересирано лице. Откако едно лице повеќе нема да е способно, му се назначува старател со овластувања слични на оние на старателите за малолетници.
Иако постапката за неспособност може да се примени и за малолетници, истата конкретно била наменета за возрасни лица со хендикеп.
Гореспоменатите одредби од тогаш се вградени, со некои измени и дополнувања, во Граѓанскиот законик (членовите 164 до 177).
60. Членовите 152-157 од Законот за семејство, кој бил на сила во материјалното време, ја пропишуваат постапката за привремено старателство (curatela) креирана за да ја опфати состојбата на оние кои иако не се неспособни, не се во можност да ги заштитат своите интереси на задоволителен начин или за назначување на застапник. Релевантните делови од овие одредби го велат следново:
Член 152
„Покрај другите случаи утврдени со закон, органот за старателство ќе назначи привремен старател во следниве околности:
(а) кога, заради старост, болест или физичка немоќ, лицето, дури и ако го задржи правниот капацитет, не е способно лично да раководи со своите работи или задоволително да ги брани своите интереси и постојат добри причини поради кои не може да му се назначи застапник;
(б) кога, заради болест или друга причина, лицето - дури и ако ја задржи работоспособноста - не е способно, лично или преку застапник, да ги преземе потребните мерки во ситуации кои бараат итно делување;
(в) кога, заради болест или други причини родителот или назначениот старател (tutore) не е во можност да го изврши дејството во прашање; ....“
Член 153
„Во ситуацијата на која се упатува во членот 152, назначување на привремен старател (curator) не влијае на капацитетот на лицето претставено од старател.“
Член 154
„(1) Привременото старателство (curatela) може да се додели на барање на лицето кое сака да биде застапувано, на брачниот другар или роднини на тоа лице, на некое од лицата на кои се упатува во членот 115, или на старателот (tutore) во ситуациите на кои се упатува во членот 152 (в). Органот за старателство може исто така да го примени старателството по сопствено мислење.
(2) Старателството може да се додели само со согласност на лицето кое треба да биде застапувано, со исклучок на ситуации во кои таквата согласност не може да се даде...“
Член 157
„Доколку причините за примената на привремено старателство повеќе не постојат, мерката ќе се повлече од страна на органот за старателство на барање на старателот, лицето кое е застапувано или некое од лицата на кои се упатува во членот 115 или по сопствено мислење.“
Гореспоменатите одредби од тогаш се вклучени, со измени и дополнувања во Граѓанскиот законик (членовите 178 до 186).
61. Вонредниот пропис бр. 26/1997 за децата во тешка состојба, кој бил на сила во времето на настаните во прашање, отстапувал од одредбите за старателството во Законот за семејство. Членот 8 (1) од Прописот предвидувал:
„... доколку родителите на детето се починати, непознати, неспособни, прогласени за мртви од судот, исчезнати или лишени од нивните родителски права, и ако не било доделено старателство, ако детето било прогласено за напуштено со правосилна судска одлука, и ако судот не одлучил да го смести детето во семејство согласно законот, родителските права ќе ги врши Советот на округот ... преку Панелот [за детска заштита]“.
Вонредниот пропис бр. 26/1997 бил укинат на 1 јануари 2005 г., кога нов пропис за заштита и унапредување на правата на децата (Законот бр. 272/2004) стапил на сила.
62. Наредбата бр. 726/2002 за критериумите врз основа на кои биле утврдени категориите за хендикеп за возрасни лица ги опишува луѓето со „попреченост во интелектуалниот развој“ на следниот начин:
„имаат намален психо-моторен развој и мали или никакви јазични вештини; можат да научат да зборуваат; можат за се запознаат со азбуката и основно броење. Можат да се способни за вршење на едноставни задачи под строг надзор. Можат да се прилагодат на живот во заедница во домови за нега или во нивните семејства доколку немаат некој друг хендикеп кој бара посебна нега.“
63. Законот бр. 519/2002 за посебна заштита и вработување на лицата со хендикеп ги набројува социјалните права на кои луѓето со хендикеп имаат право. Тој бил укинат со Законот за заштита на лицата со хендикеп (Законот бр. 448/2006) кој стапил на сила на 21 декември 2006 г. Членот 23 од Законот, кој првично бил на сила, предвидувал дека луѓето со хендикеп биле заштитени од запоставување и злоставување, вклучително и преку обезбедување на услуги за правна помош со тоа што ќе им се додели старател. Согласно членот 25 од Законот согласно измените од 2008 г., луѓето со хендикеп се заштитени од запоставување и злоставување, и од дискриминација врз основа на нивната локација. Луѓето кои во целост или делумно не се способни да управуваат со своите работи добиваат правна заштита во форма на целосно или делумно старателство како и правна помош. Понатаму, доколку лице со хендикеп нема родители или некое друго лице кое може да се согласи да биде негов старател, судот може да назначи за старател локалното јавно тело или приватно правно лице кое му обезбедува нега на засегнатото лице.
III. МАТЕРИЈАЛИ ОД РЕЛЕВАНТНО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО
А. Прашањето за locus standi
1. Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со хендикеп („ЦРПД“), усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации на 13 декември 2006 г. (Резолуција A/RES/61/106)
64. Конвенцијата која е креирана за да промовира, штити и обезбеди целосно и еднакво уживање на сите човекови права и основни слободи за лицата со хендикеп и да го унапреди почитувањето на нивното вродено достоинство, беше ратификувана од Романија на 31 јануари 2011 г. Таа во своите релевантни делови го вели следново:
Член 5 - Рамноправност и индискриминација
„1. Земјите учеснички признаваат дека сите луѓе се еднакви пред и според законот и имаат право, без било каква дискриминација, на еднаква заштита и еднаква придобивка од законот.
2. Земјите учеснички забрануваат секаква дискриминација врз основа на хендикеп и им гарантираат на лицата со хендикеп еднаква и ефикасна законска заштита од дискриминација на секава основа.
3. Со цел промовирање на рамноправноста и елиминирање на дискриминацијата, земјите учеснички ги преземаат сите соодветни чекори за да обезбедат обезбедување на разумно прилагодување
4. Посебните мерки неопходни за забрзување и постигнување на фактичка рамноправност на лицата со хендикеп не се смета за дискриминација според условите на оваа Конвенција.“
Член 10 – Право на живот
„Земјите учеснички потврдуваат дека секое човечко суштество има вродено право на живот и ги преземаат сите неопходни мерки за да обезбедат ефикасно уживање на тоа право на лицата со хендикеп, на еднаква основа со другите.“
Член 12 - Еднакво признавање пред законот
„1. Земјите учеснички потврдуваат дека, лицата со хендикеп насекаде имаат право на признавање, како и луѓето пред законот.
2. Земјите учеснички признаваат дека, лицата со хендикеп уживаат законски права, на еднаква основа со другите во сите аспекти на животот.
3. Земјите учеснички преземаат соодветни мерки со цел да им обезбедат на лицата со хендикеп пристап до поддршката, која може да им е потребна при остварувањето на нивните законски права
4. Земјите учеснички обезбедуваат спречување на злоупотреба во согласност со меѓународните хуманитарни права, со сите мерки кои се однесуваат на остварувањето на законските права со кои се предвидуваат соодветни и ефикасни заштитни мерки. Со овие заштитни мерки се обезбедува дека мерките што се однесуваат на остварувањето на законското почитување на правата, волјата и привилегиите на лицето, се ослободени од конфликт на интереси и влијанија и се пропорционални и прилагодени на состојбите на лицето, истите да се применуваат во најкраток можен рок и се предмет на редовни контроли од страна на надлежен, независен и непристрасен орган или судско тело. Заштитните мерки се пропорционални на степенот, на кој овие мерки влијаат врз правата и интересите на лицето ...”
Член 13 – Пристап до правда
„1. Земјите потписнички обезбедуваат ефикасен пристап до правда на лицата со хендикеп на еднаква основа со другите, вклучено и преку одредбата за процедурални и соодветни на возраста прилагодувања, со цел поедноставување на нивната ефикасна улога како директни и индиректни учесници, вклучено и како сведоци во сите законски постапки, од самата фаза на истрага и друга прелиминарна фаза.
2. Со цел да се помогне при обезбедувањето на ефикасен пристап до правдата на лицата со хендикеп, земјите потписнички промовираат соодветни обуки за вработените на полето на спроведување на правдата, вклучувајќи го и полицискиот и затворскиот персонал.“
2. Релевантни ставови на Комитетот за човекови права на Обединетите нации
65. Првиот оперативен протокол на Меѓународниот пакт за граѓанските и политички права на Комитетот за човекови права („КЧП“) му даде надлежност да ги испита жалбите во однос на наводните повреди на Пактот од страна на земјите потписнички на Протоколот (членовите 1 и 2 од Факултативниот протокол). Ова изречно го ограничува правото на поединците да поднесат претставка. Затоа жалбите поднесени од невладини организации, здруженија, политички партии или корпорации во нивно име генерално се прогласуваат за недопуштени заради недостаток на личен став (види, на пример, Инвалиди и хендикепирани лица во Италија против Италија (претставка бр. 163/1984)).
66. Во исклучителни случаи, трета страна може да поднесе претставка во име на жртва. Претставката поднесена од трета страна во име на наводна жртва може да се разгледа ако третата страна ја покаже својата надлежност да ја поднесе претставката. Наводната жртва може да назначи застапник да поднесе претставка во негово или нејзино име.
67. Претставка поднесена во име на наводна жртва може да биде прифатена кога се чини дека лицето во прашање не е во можност да ја поднесе претставката лично (види Правило 96 од Деловникот на КЧП):
Правило 96
„Со цел да се донесе одлука за допуштеност на една претставка, Комитетот, или работна група воспоставена согласно правилото 95, став 1, од овие правила, треба да утврди:
...
(б) Дека лицето се жали, на начин што е доволно поткрепен, дека е жртва на повреда од страна на таа државна институција на некое од правата утврдени во Пактот. Вообичаено, претставката, треба да биде поднесена од лицето лично или од страна на застапник на поединецот; претставката што е поднесена во име на наводна жртва може да биде прифатена само кога се чини дека лицето во прашање не е способно да ја поднесе претставката лично;...“
68. Типични примери на оваа ситуација би биле кога жртвата наводно била киднапирана, исчезнала или нема начин да се дознае каде се наоѓа; или жртвата е во затвор или во ментална установа. Трета страна (вообичаено блиски роднини) може да поднесе претставка во име на починато лице (види, на пример, Mr Saimijon and Mrs Malokhat Bazarov v. Uzbekistan (претставка бр. 959/2000); Panayote Celal v. Greece (претставка бр. 1235/2003); Yuliya Vasilyevna Telitsina v. Russian Federation (претставка бр. 888/1999); José Antonio Coronel et al. v. Colombia (претставка бр. 778/1997); и Jean Miango Muiyo v. Zaire (претставка бр. 194/1985)).
3. Специјалниот известувач на Обединетите нации за хендикепираност
69. Во нејзиниот извештај по прашањето на следење, објавен во 2006 година, специјалниот известувач вели:
„2. Лица со попречености во развојот се особено ранливи на повреди на човековите права. Исто така ретко кога се мисли на лицата со хендикеп, тие немаат политички глас и честопати се подгрупа на веќе маргинализираните социјални групи и затоа немаат моќ да влијаат на владите. Тие се соочуваат со значителни проблеми околу пристапот до правосудниот систем заради заштита на нивните права или да бараат правни лекови за повредите; и нивниот пристап до организации кои можат да ги заштитат нивните права е главно ограничен. Додека на лицата кои немаат хендикеп им требаат национални и меѓународни тела за да ги заштитат своите човекови права, дополнителни оправдувања постојат за да се обезбеди луѓето со хендикеп и нивните права да добијат специјално внимание преку независни национални и меѓународни механизми за следење.“
4. Релевантната судска пракса на Меѓуамериканската комисија за човекови права
70. Членот 44 од Американската конвенција за човекови права ѝ дава надлежност на Меѓуамериканската комисија за човекови права да прима жалби од секое лице или група на лица, или секоја невладина организација која е законски призната во една или повеќе земји-членки на Организацијата на американските држави (ОАД). Тој предвидува:
„Секое лице или група на лица, или сите невладини тела кои се законски признати во една или повеќе земји-членки на Организацијата можат да поднесат молби до Комисијата со пријави или жалби на повреда на оваа Конвенција од страна на земја-членка.“
Членот 23 од Деловникот на Меѓуамериканската комисија за човекови права вели дека таквите молби можат да бидат поднесени во име на трета страна. Истата гласи вака:
„Секое лице или група на лица или невладини организации кои се законски признати во една или повеќе земји-членки на ОАС можат да поднесат жалби до Комисијата, во нивно име или во име на трети лица, во врска со наводни повреди на човеково право кое е признато, како што може и да се случи, во Американската декларација на правата и обврските на луѓето, Американската конвенција за човекови права, ‘Пактот од Сан Хозе, Коста Рика’ ..., во согласност со дадените одредби, Статутот на Комисијата и овие деловници. Жалителот може да назначи адвокат или друго лице да го застапува пред Комисијата, било во самата молба или во посебен документ.“
71. Меѓуамериканската комисија ги разгледува случаите кои ги поднесуваат невладините организации во име на директни жртви, вклучително и исчезнати или починати лица. На пример во случајот на Гомес Лунд и други (Guerrilha do Araguaia) против Бразил (Gomes Lund et al. (“Guerrilha do Araguaia”) v. Brazil) (извештај бр. 33/01), жалител бил Центарот за правда и меѓународното право, кој делувал во име на исчезнатите лица и нивните најблиски. Во врска со нејзината ratione personae надлежност, Комисијата призна дека телото кое се жали може да поднесе жалби во име на директните жртви во случајот, во согласност со член 44 од Американската конвенција за човекови права. Во Теодора Кабрера Гарсиа и Родолфо Монтиел Флорес против Мексико (Teodoro Cabrera Garcia and Rodolfo Montiel Flores v. Mexico) (извештај бр. 11/04), Комисијата ја потврди својата ratione personae јурисдикција за да се разгледаат жалбите што се изнесени од различни организации и поединци и лица кои тврдат дека двајца други поединци биле незаконски лишени од слобода и мачени, и затворени после неправично судење. Во Ешер и други против Бразил (извештај бр. 18/06), Комисијата ја потврдила својата јурисдикција ratione personae да ја разгледа жалбата поднесена од две здруженија (Националната мрежа на народни адвокати и Центарот за глобална правда) кои тврделе дека постоеле повреди на правата на правен процес, на почитување на личната чест и достоинство, и на обраќање на судовите, на штета на членовите на две задруги поврзани со Движењето на работниците без земја, преку незаконско прислушување и следење на нивните телефонски линии.
72. Случаите првично поднесени од невладините организации (НВО) можат последователно да бидат поднесени од Комисијата до Меѓуамериканскиот суд за човекови права, по усвојувањето на извештајот на Комисијата во однос на основаноста (види, на пример, Случајот на Масакарот „Лас Дос Ерес“ против Гватемала (Case of the “Las Dos Erres” Massacre v. Guatemala), поднесен од Канцеларијата за човекови права на Архидиецезата на Гватемала и Центарот за правда и меѓународното право; види исто така Ешер и други против Бразил).
5. Извештај на Агенцијата на Европската унија за основните права („АОП“): Пристап до правдата во Европа: преглед на предизвиците и можностите
73. Извештајот издаден од АОП во март 2011 г. нагласува дека можноста за барање на делотворна заштита на правата на ранливите групи на домашно ниво честопати е попречувано, меѓу другото, од правните трошоци и тесно градење на правни ставови (види стр. 37-54 од извештајот).
Б. Релевантните извештаи во врска со условите во ПМБ
1. Извештаите на Европскиот комитет за спречување на мачење и нечовечно или понижувачко постапување или казнување (КСТ) за Романија
74. КСТ ја има документирано состојбата во ПМБ од трите посети во 1995, 1999 и 2004 година.
75. Во 1995 г. животните услови во ПМБ се сметале за толку ужасни што КСТ одлучил да го искористи членот 8 § 5 од Европската конвенција за спречување на мачење и нечовечно или понижувачко постапување или казнување, кој овозможува во вонредни околности да им се посочат одредени забелешки на засегнатата Влада за време на самата посета. Поконкретно КСТ забележал дека во период од седум месеци во 1995 г. шеесет и еден пациент починале од кои дваесет и еден биле „сериозно неисхранети“ (види параграф 177 од извештајот од 1995 г.). КСТ одлучил да побара од романската Влада да преземе итни мерки за да се обезбедат „основни животни услови“ во ПМБ.
Други области на загриженост идентификувани од КСТ во оваа прилика биле праксата на ставање на пациенти во изолирани соби како форма на казна и отсуство на заштита при недоброволен прием.
76. Во 1990 г. КСТ се вратиле во ПМБ. Најсериозните недостатоци кои биле откриени во оваа прилика биле во врска со фактот дека бројот на персонал – како специјализиран така и помошен - бил намален од нивоата во 1995 година, и отсуството на напредок во однос на недоброволниот прием.
77. Во јуни 2004 г. КСТ ја посетиле ПМБ по трет пат, овој пат како одговор на пријавите во врска со порастот на бројот на пациенти кои починале. Во времето на посетата во болницата со капацитет од 500 легла биле сместени 472 пациенти, од кои 246 биле сместени по основ на членот 114 од романскиот кривичен законик (задолжителен прием наложен од кривичниот суд).
КСТ забележал во својот извештај дека осумдесет и еден пациент починал во 2003 и дваесет и осум во првите пет месеци од 2004 г. Порастот на бројот на смртни случаи се случил и покрај префрлањето од болницата во 2002 г. на пациентите кои страдале од активна туберкулоза. Главните причини за смртта биле срцев удар, мијокардијална инфракција (зачепување на срцевиот мускул) и бронхопневмонија.
Просечната возраст на пациентите што починале била педесет и шест години, но шеснаесет биле помлади од четириесет години. КСТ навел дека „таквите случаи на предвремена смрт не можеле да се објаснат исклучиво врз основа на симптомите на пациентите во времето на хоспитализација“ (види параграф 13 од извештајот 2004). КСТ исто така забележал дека на некои од овие пациенти „очигледно не им била обезбедена доволно нега“ (параграф 14).
КСТ забележал со загриженост „недоволно човечки и материјални ресурси“ во болницата (параграф 16). Тој посочил сериозни недостатоци во однос на квалитетот и квантитетот на храната што им се давала на пациентите и отсуството на греење во болницата.
Во однос на недостатоците утврдени во ПМБ, КСТ во параграф 20 од извештајот навел:
„...не може да се отфрли можноста дека комбинираното влијание на тешките услови на живеење – особено недостатокот на храна и греење – резултирало со прогресивно влошување на општата здравствена состојба на некои од најслабите пациенти, и дека недостатокот на лекови и медицински средства не можеле да ја спречат смртта во повеќето случаи.
По мислење на КСТ, состојбата утврдена во болницата во Појана Маре е загрижувачка и бара преземање на силни мерки насочени кон подобрување на животните услови, но и на грижата што им се дава на пациентите. По третата посета на КСТ во болницата во Појана Маре во период пократок од десет години, крајно време е властите конечно да се фатат во костец со вистинското ниво на состојбата која доминира во установата.“
Конечно, во врска со недоброволниот прием преку граѓански постапки, КСТ забележал дека неодамна усвоениот Закон за ментално здравје од 2002 не се спроведувал на сеопфатен начин, бидејќи наишле на пациенти кои биле примени на начин кој не бил доброволен прекршувајќи ги заштитите опфатени со законот (параграф 32):
2. Специјален известувач на Обединетите нации за правото на здравје
78. На 2 март 2004 г. специјалниот известувач за правото на здравје заедно со специјалниот известувач на Обединетите нации за правото на храна и специјалниот известувач на Обединетите нации за мачење ѝ пишале на романската Влада изразувајќи загриженост заради вознемирувачките извештаи во врска со животните услови во ПМБ и побарале појаснување во однос на ова прашање. Одговорот од Владата бил следниов (види го резимето на специјалниот известувач за правото на здравје во документ за Обединетите нации E/CN.4/2005/51/Add.1):
„54. Со писмо со датум од 8 март 2004 г. Владата одговори на информацијата испратена од специјалниот известувач во врска со состојбата во Психијатриската болница во Појана Маре. Владата потврди дека романските власти во целост ја разбираат и споделуваат загриженоста во врска со болницата. Обезбедувањето на заштита на хендикепираните лица и понатаму е приоритет на владата, а Министерството за здравство ќе започне истрага во сите слични здравствени институции со цел да бидат сигурни дека Појана Маре бил изолиран случај. Во врска со Појана Маре биле преземени итни мерки за подобрување на животните услови на пациентите и овие чекори требале да продолжат до целосната обнова на болницата. На 25 февруари 2004 г. министерот за здравство спровел истрага за Појана Маре. Постоеле пропусти во однос на греењето, водоснабдувањето, подготовката на храна, одлагањето на ѓубре, животните и санитарните услови и медицинската помош. Повеќето од проблемите поврзани со медицинската помош биле предизвикани од недоволно ресурси и лошо менаџирање. Владата потврдила дека следниве мерки биле неопходни: појаснување од експерти по судска медицина за причините за смртта на оние пациенти чија смрт не била поврзана со болеста која веќе ја имале или напредната возраст; спроведувањето на планот на болницата од 2004 година; ангажирањето на дополнителни специјализирани здравствени работници; реорганизирање на распоредот за работа на лекарите за да се вклучат и ноќни смени; обезбедување на редовна лекарска помош; и доделување на дополнителни средства за подобрување на животните услови. Владата исто така потврди дека државниот секретар на Министерството за здравство како и државниот секретар на Националниот орган за хендикепирани лица биле отпуштени по утврдување на нерегуларности во психијатриската болница во Појана Маре, а директорот на болницата бил заменет од в.д. директор до финализирањето на постапката за избор на нов директор на испразнетото место по пат на конкурс. Владата потврди дека болницата внимателно ќе биде следена од претставници на Министерството за здравство во текот на 2004 г., а претставници од локалните власти ќе биле директно вклучени во подобрување на состојбата на болницата. Конечно, Владата потврди дека Министерството за здравство набрзо ќе започнело со независна истрага на сите други слични единици, и ќе ги презеле сите неопходни мерки за спречување на таквите несреќни состојби да се повторат.“
За време на својата службена посета на Романија во август 2004 г. специјалниот известувач за правото на здравје извршил инспекција во неколку ментални болници, вклучително и ПМБ. Извештајот по посетата на специјалниот известувач објавен на 21 февруари 2005 г. го вели следново во релевантниот дел:
„61. Сепак, за време на неговата мисија специјалниот известувач изгради мислење дека и покрај правните и стратешките заложби на Владата, уживањето на правото на ментално здравје и понатаму е повеќе аспирација отколку реалност за многу од луѓето со ментален хендикеп во Романија.
Психијатриската болница во Појана Маре
...
63. За време на својата мисија специјалниот известувач имаше можност да ја посети ПМБ и да поразговара за развојот на настани по февруари 2004 г. и назначувањето на нов директор на болницата. Директорот го информираше специјалниот известувач дека добиле средства (5,7 милијарди леи) од Владата за да се направат подобрувања. Зголемено било количеството на храна што им се делела, системот за греење бил подобрен, а одделите и другите згради во болницата биле реновирани. Иако специјалниот известувач ги поздравува овие подобрувања и ги пофали сите одговорни тој апелира до Владата да обезбеди соодветни ресурси во поддршка на спроведувањето на овие промени на одржлива основа. Владата исто така треба да ги поддржи потребните мерки како што се: да ги обезбеди потребните лекови, да обезбеди соодветна рехабилитација за пациентите, да обезбеди пациентите да можат да имаат пристап со делотворни механизми за поднесување на жалби и да се организира обука за човекови права за персоналот во болницата. Специјалниот известувач сфаќа дека кривичните истраги во врска со смртните случаи сè уште се во тек. Тој ќе продолжи внимателно да ги следи сите настани во врска со ПМБ. Специјалниот известувач во оваа прилика сака да ја нагласи важната улога што ја одиграа медиумите и невладините организации во врска со Појана Маре.“
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОВИТЕ 2, 3 И 13 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
79. ЦПР во име на г-динот Кампеану се жалеше дека бил незаконски лишен од неговиот живот како резултат на комбинирани дејствија и пропусти на повеќе државни агенции, кои ја пречекориле својата законска обврска да му обезбедат нега и лекување. Исто така властите не успеале да воспостават ефективен механизам за заштита на правата на лицата со хендикеп кои се сместени во институции за долг престој, вклучително и да иницираат истрага за сомнителните смртни случаи.
Исто така ЦПР се жалеше на сериозни грешки во негата и лекувањето на г-динот Кампеану во ЦМСЦ и ПМБ, животните услови во ПМБ и општиот став на властите и поединците кои биле вклучени во неговата нега и лекување во текот на последните месеци од неговиот живот заедно или разделено достигнале нечовечно и понижувачко постапување. Исто така, службената истрага за овие тврдења за лошо постапување не била во согласност со процедуралната обврска на државата согласно член 3.
Согласно членот 13 разгледан заедно со членовите 2 и 3, ЦПР се изјасниле дека немало никаков делотворен правен лек во романскиот домашен правен систем за сомнителни смртни случаи и/или малтретирање во психијатриските болници.
Членовите 2, 3 и 13 од Конвенцијата го велат следново, што се однесува до релевантниот дел:
Член 2
„1. Правото на живот на секој човек е заштитено со закон...“
Член 3
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.“
Член 13
„Секој човек, чии права и слободи признати со оваа Конвенција се нарушени, има право на делотворен правен лек пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност.“
А. Допуштеност
80. Владата тврдеше дека ЦПР немале locus standi да ја поднесат оваа жалба во име на починатиот Валентин Кампеану; оттука случајот бил недопуштен како некомпатибилен ratione personae со одредбите од Член 34 од Конвенцијата во кој се вели:
„Судот може да прими жалби од секакви лица, невладини организации или групи на лица кои тврдат дека се жртви на повреда на правата признати во Конвенцијата или во нејзините протоколи од страна на една од високите страни договорнички. Високите страни договорнички се обврзуваат со никаква мерка да не го спречуваат ефикасното остарување на ова право.“
1. Изјаснувања пред Судот
(а) Владата
81. Владата тврдеше дека условите кои се бараат во членот 34 за жалба пред Судот не биле исполнети во овој случај; од друга страна ЦПР немале статус на жртва, а од друга страна здружението не покажало дека се валиден застапник на директната жртва.
Свесен за динамичното и развојното толкување на Конвенцијата од страна на Судот во неговата судска пракса, Владата сепак нагласи дека иако судското толкување било дозволено, секаков вид на креирање на законска регулатива, со дополнување на текстот на Конвенцијата не било прифатливо; оттука членот 34 и понатаму требал да се толкува со значење дека предмет на поединечни жалби можат да бидат само поединци, невладини организации или групи на поединци кои тврдат дека се жртви или застапници на наводните жртви.
82. Владата оспоруваше дека ЦПР можеле да бидат сметани било како директна жртва или како индиректна или потенцијална жртва.
Најпрво, во овој случај ЦПР не тврделе дека нивните права биле повредени и затоа не можеле да се сметаат за директна жртва (Владата го цитираше Чонка и други и Лигата за човекови права против Белгија (Čonka and Others and the Human Rights League v. Belgium (dec.), no.51564/99, 13 March 2001)).
Второ, според судската пракса на Судот, индиректна или потенцијална жртва морала да покаже, со доволно докази, било постоење на ризик од повреда или ефект дека тој или таа страдале од ефектите од повредата на правата на трето лице како последица на претходна блиска поврзаност, било природна (на пример, во случај на член на семејството) или правна (на пример како резултат на договори за старателство). Затоа Владата се изјаснила дека чистиот факт дека ранливите лични околности на г-динот Кампеану го привлекле вниманието на ЦПР, кои потоа решиле да го покренат овој случај пред домашните судови, не било доволно за да се трансформира ЦПР во индиректна жртва; во отсуство на некаква силна врска меѓу директната жртва и ЦПР, или некаква одлука со која на ЦПР им се доверува задачата да го претставуваат и да се грижат за г-динот Кампеану, ЦПР не можеле да тврдат дека се било директна или индиректна жртва, и ова е така без разлика на неспорната ранливост на г-динот Кампеану, или фактот дека бил сирак и дека не му бил доделен старател (Владата упати на, како контраст; Becker v. Denmark, no. 7011/75, Commission decision of 3 October 1975).
83. Исто така отсуството на некаков доказ дека се овластени, ЦПР не можеле ниту да тврдат дека биле директни застапници на жртвата (Владата го цитираше Skjoldager v. Sweden, no. 22504/93, Commission decision of 17 May 1995).
Владата тврдеше дека инволвираноста на ЦПР во домашните постапки во врска со смртта на г-динот Кампеану не значелa дека националните власти го признале нивниот locus standi за да делува во име на директната жртва. Позицијата на ЦПР пред домашните судови била на лице на чии интереси им било наштетено со одлуката на обвинителот, a не на застапник на оштетена странка. Во врска со тоа домашното право, согласно толкувањето на Високиот суд за касација и правда на Романија во неговата одлука на 15 јуни 2006 година (види параграф 44 горе), достигнало признавање на actio popularis во домашните постапки.
84. Владата тврдеше дека овој случај што е пред Судот требало да биде отфрлен како actio popularis, забележувајќи дека таквите случаи биле прифаќани од Судот само во контекст на член 33 од Конвенцијата, а поврзано со овластувањето на државите да вршат надзор една на друга. Забележувајќи дека други меѓународни тела не го исклучувале изречно actio popularis (цитирајќи го членот 44 од Американската конвенција за човекови права), Владата стоеше на ставот дека секој механизам имал сопствени ограничувања, недостатоци и предности, моделот кој бил усвоен бил исклучиво резултат на преговорите меѓу земјите потписнички.
85. Владата понатаму тврдеше дека романските власти работеле на конкретните препораки на КСТ, како резултат на што Универзалниот периодичен преглед на ООН за 2013 го потврдува позитивниот развој на настаните во врска со состојбата сo лицата со хендикеп во Романија. Исто така требале да се направат дополнителни подобрувања во однос на домашното законодавство за старателството и заштитата на лица со хендикеп.
Исто така што се однесува до неколкуте пресуди на Судот кои веќе се осврнале на прашањето на правата на ранливите пациенти во големите установи (Владата ги цитираше C.B. v. Romania, no. 21207/03, 20 April 2010, и Stanev v. Bulgaria [GC], no. 36760/06, ECHR 2012), Владата тврдеше дека немало никаква посебна причина во врска со почитувањето на човековите права согласно дефиницијата во Конвенцијата која барала да се разгледа жалбата.
(б) ЦПР
86. Според ЦПР вонредните околности на оваа жалба барале испитување на основаноста; Судот можел да направи таква проценка или со тоа што ќе прифати дека ЦПР биле индиректна жртва или со тоа што ќе смета дека ЦПР се јавувале како застапници на г-динот Кампеану.
87. Со оглед на начелото на Судот за флексибилно толкување на неговите критериуми за допуштеност кога ова било во интерес на човековите права и потребата да се обезбеди практичен и делотворен пристап до постапките пред него, ЦПР се изјаснија дека нивниот locus standi да делува во име на г-динот Кампеану требал да биде прифатен од страна на Судот. Кај таквата одлука требало да се земат во предвид вонредните околности на случајот во однос на фактот дека било невозможно за г-динот Кампеану да има пристап до правда, било директно или преку застапник, на фактот дека домашните судови ја прифатиле позицијата на ЦПР да делуваат во негово име и конечно но не помалку битно, на долгото искуство на ЦПР да делува во име на луѓе со хендикеп.
ЦПР понатаму споменаа дека Судот ги прилагодил своите правила со цел да овозможи пристап до неговите постапки за жртви на кои им било многу тешко па дури и невозможно да се придржуваат до одредени критериуми за допуштеност заради фактори кои се надвор од нивна контрола но се поврзани со повредите на кои се жалат: проблеми со доказите за жртви на мерки на тајно следење, или ранливост заради фактори како што се возраст, род или хендикеп (цитирани, на пример, P., D.P. and A.T. v. the United Kingdom, no. 23715/94, Commission decision of 20 May 1996; Storck v. Germany, no. 61603/00, ECHR 2005‑V; и Öcalan v. Turkey [GC], no. 46221/99, ECHR 2005‑IV).
Судот исто така се оддалечил од правилото на „статус на жртва“ врз основа на „интересите на човековите права“, заземајќи став дека неговите пресуди не служеле само за да се одлучи по случаите изнесени пред него, туку поопшто „за да се објаснат, заштитат и развијат правилата кои му се доделени со Конвенцијата, со што придонесува кон почитувањето од страна на државите на обврските преземени од нивна страна како договорни страни (ЦПР упати на Karner v. Austria, no. 40016/98, § 26, ECHR 2003‑IX).
ЦПР понатаму се изјасни дека државата имала одредени обврски согласно членот 2, на пример без разлика на постоењето на близок роднина или нивната волја да покренат постапки во име на жалителот; исто така за надзорот врз државите во однос на нивното придржување кон своите обврски согласно член 2 условено од постоењето близок роднина да вклучува и ризик од игнорирање на условите од член 19 од Конвенцијата.
88. ЦПР понатаму упатува на меѓународната пракса на Меѓуамериканската комисија за човекови права и Африканската комисија за човекови права и правата на народите кои во вонредни околности дозволувале случаи да бидат поднесени од други во име на наводните жртви доколку жртвите не можеле самите да поднесат жалби. Невладините организации биле меѓу најактивните бранители на човекови права во такви ситуации; исто така нивниот став за изнесување на случаи пред суд во име или како поддршка на такви жртви обично било прифатено од земјите-членки на Советот на Европа (согласно извештајот од 2011 година од страна на Агенцијата на Европската унија за основни човекови права со наслов Пристап до правда во Европа: преглед на предизвиците и можностите).
89. Осврнувајќи се на особеностите на овој случај ЦПР нагласи дека значителен фактор во проценката на прашањето на locus standi бил фактот дека неговите набљудувачи воспоставиле краток визуелен контакт со г-динот Кампеану за време на нивната посета на ПМБ и ја посведочиле лошата состојба во која се наоѓал; последователно, ЦПР веднаш дејствувале и се обратиле до повеќе различни власти, барајќи од нив да обезбедат решенија за неговата критична ситуација. Во овој контекст долгогодишната стручност на здружението во одбрана на човековите права на луѓето со хендикеп била од суштинска важност.
Посочувајќи дека на домашно ниво нивниот locus standi бил признат, ЦПР тврделе дека Судот честопати ги земал во предвид домашните процедурални правила на застапување со цел да одлучат кој имал locus standi да поднесе жалби во име на лицата со хендикеп (тие го цитираа случајот Glass v. the United Kingdom, no. 61827/00, ECHR 2004‑II). Исто така Судот утврдил повреди во случаи кога домашните власти ги примениле процедуралните правила на нефлексибилен начин со што бил ограничен пристапот до правда за лицата со хендикеп (на пример X and Y v. the Netherlands, 26 March 1985, Series A no. 91).
Во овој контекст ЦПР тврдеа дека иницијативите што ги презеле пред домашните власти всушност го правеле различен од невладината организација-жалителот во неодамнешниот случај на Ненчева и други против Бугарија (Nencheva and Others v. Bulgaria (no. 48609/06, 18 June 2013)) во врска со смртта на петнаесет деца и млади луѓе со хендикеп во домови за социјална грижа. Во тој случај, иако генерално се забележува дека можеле да се бараат вонредни мерки за да се обезбеди за лицата кои не можат самите да се одбранат да имаат пристап до застапник, Судот забележал дека Здружението за европска интеграција и човекови права претходно не го покренале случајот на домашно ниво. Затоа Судот ја отфрлил жалбата како некомпатибилна во однос на ratione personae со одредбите од Конвенцијата во однос на невладината организација во прашање (исто., § 93).
90. Упатувајќи на коментарите на Комесарот за човекови права на Советот на Европа во кои ги нагласува потешкотиите кои луѓето со хендикеп ги имаат во обезбедувањето на пристап до правда како и загриженоста изразена од специјалниот известувач за мачење на Обединетите нации дека практикувањето на злоставување на лицата со хендикеп кои биле изолирани во државни установи, честопати „останувале невидливи“, ЦПР се изјаснија дека „интересите на човековите права“ би барале проценка на актуелниот случај во однос на основаноста.
ЦПР понатаму посочија неколку критериуми кои ги сметале за корисни за утврдување на locus standi во случаи слични на овој: ранливоста на жртвата, која потенцијално е апсолутно неспособна да се жали; практичните или природните пречки кои ја попречувале жртвата да ги исцрпи домашните правни лекови, како што се лишувањето од слобода или неможноста да стапи во контакт со адвокат или близок роднина; природата на повредата, особено во случајот на членот 2, каде директната жртва ipso facto не била во позиција да даде писмено полномошно на трета страна; отсуството на адекватни алтернативни институционални механизми кои обезбедувале делотворно застапување на жртвата; природата на врската меѓу третата страна која тврди дека има locus standi и директната жртва; наклонетите домашни правила за locus standi; и дали тврдењата покренале сериозни прашања од општа важност.
91. Во контекст на гореспоменатите критериуми и што се однесува на нивното делување во име на директната жртва, г-динот Кампеану - било пред неговата смрт, преку поднесување на барањето за негово префрлање од ПМБ и веднаш потоа и во текот на следните четири години, преку барање на отчетност за неговата смрт пред домашните судови – ЦПР изјавија дека имале право да го изнесат случајот пред Судот.
ЦПР заклучија дека непризнавањето на нивната позиција да делуваат во име на г-динот Кампеану ќе значело да ѝ се дозволи на Владата да ги злоупотреби неговите несреќни околности за да ја избегне анализата од страна на Судот, и со тоа да се блокира пристапот до Судот за повеќето ранливи припадници на општеството.
(в) Релевантни изјаснувања на третите страни
(i) Комесарот за човекови права на Советот на Европа
92. Комесарот за човекови права на Советот на Европа, чија интервенција пред Судот била ограничена на допуштеноста на оваа жалба, се изјаснил дека пристапот до правда за лицата со хендикеп бил крајно проблематичен, особено во контекст на несоодветните правни процедури за неспособност и рестриктивните правила за правната позиција. Последователно, честите злоупотреби направени врз лица со хендикеп честопати не биле пријавувани до властите и биле игнорирани, а атмосферата на неказнување ги опкружувала овие повреди. Со цел да се спречи и да се стави крај на таквите злоупотреби, невладините организации играле важна улога, вклучувајќи и преку олеснување на пристапот до правда за ранливите лица. Во такви околности да им се дозволи на невладините организации да поднесат жалби до Судот во име на лицата со хендикеп било целосно во согласност со начелото на делотворност кое е во суштината на Конвенцијата, како и со трендовите кои постојат на домашно ниво во многу европски земји и судската пракса на други меѓународни судови, како што е Меѓуамериканскиот суд за човекови права, кој на невладини организации кои дејствуваат во име на наводни жртви им доделува locus standi, дури и кога жртвите не ги назначиле овие организации како нивни застапници (на пример во случајот на Јатама против Никарагваa, пресуда од 23 јуни 2005).
Според гледиштето на Комесарот, строгото гледање на барањата за locus standi за лица со хендикеп (во овој случај, интелектуален) ќе имало непосакувани последици на лишување на оваа ранлива група од секаква можност за барање и добивање на отштета за повреда на нивните човекови права, што било спротивно на основните цели на Конвенцијата.
93. Комесарот исто така се изјасни дека во вонредни околности, кои треба да ги дефинира Судот, невладините организации би требале да можат да поднесат жалби до Судот во име на идентификувани жртви кои биле директно погодени од наводната повреда. Таквите вонредни околности можат да се однесуваат на крајно ранливи жртви, на пример лица кои биле задржани во психијатриски установи и домови за социјална грижа, кои немаат семејство, ниту начини да бидат застапени, чии жалби поднесени во нивно име од лице или организација со која била воспоставена доволна врска, покренуваат важни прашања од општ интерес.
Таквиот пристап би бил во согласност со европскиот тренд на проширување на правната позиција и препознавање на бесценетите придонеси на невладините организации на полето на човековите права за лицата со хендикеп; истовремено, исто така ќе биде во согласност со релевантната судска пракса на Судот, која значително се разви во последните години, нималку како резултат на интервенциите на невладините организации.
(ii) Бугарскиот хелсиншки комитет
94. Бугарскиот хелсиншки комитет тврдеше, врз основа на своето опсежно искуство како НВО за човекови права, дека институционализираните лица со хендикеп биле лишени од заштитата на кривичниот закон, доколку невладините организации не делувале во нивно име користејќи правни лекови покрај јавното залагање, па дури и во такви околности, практичните резултати останале недоволни со оглед дека имало недостаток во основниот пристап до судови за таквите жртви, кои во моментот биле лишени од пристап до правда врз процедурален основ. Како резултат, кривичните дела извршени врз институционализирани поединци со ментален хендикеп биле заштитени од спроведување на закони кои биле дизајнирани за да се обезбеди нивна превенција, казнување и отштета.
(iii) Центар за застапување на лица со ментален хендикеп
95. Центарот за застапување на лица со ментален хендикеп се изјасни дека фактичката или законската неспособност на лицата со попреченост во интелектуалниот развој да имаат пристап до правда, прашање кое веќе било разгледано од страна на Судот во неколку од своите случаи (на пример, Станев, цитиран горе), во крајна линија можело да доведе до неказнување за повреди на нивните права. Во ситуации кога ранливите жртви биле лишени од својата правна способност и/или задржани во државни установи, државите би можеле „да избегнат“ секаква одговорност за заштита на нивните животи со тоа што нема да им обезбедат никаква правна помош, вклучително и заштита на нивните човекови права. Беше цитирана судската пракса на канадскиот Врховен суд, ирскиот Врховен сид и Високиот суд на Англија и Велс кои на невладините организации им доделиле правна позиција во ситуации кога никој друг не можел да застапува одреден проблем од јавен интерес пред судовите. Гореспоменатите судски одлуки во врска со прашања на locus standi на невладините организации главно се базирале на проценката дали случајот се однесувал на сериозно прашање, дали жалителот имал искрен интерес во покренувањето на случајот, стручноста на жалителот во областа засегната со случајот и дали имало некакви други разумни и делотворни средства за покренување на прашањето пред судовите.
2. Оценка на Судот
(а) Пристапот на Судот во претходни случаи
(i) Директни жртви
96. За да е во можност да поднесе жалба согласно членот 34, едно лице мора да може да покаже дека тој или таа бил/а „директно погоден/а“ од мерката на која се жали (види Burden v. the United Kingdom [GC], no.13378/05, § 33, ECHR 2008, и İlhan v. Turkey [GC], no. 22277/93, §52, ECHR 2000‑VII). Ова е незаменливо за покренување на заштитните механизми на Конвенцијата, иако овој критериум не треба да се применува на ригиден, механички и нефлексибилен начин во текот на постапките (види Карнер, цитиран горе, § 25, и Fairfield and Others v. the United Kingdom (dec.), no. 24790/04, ECHR 2005‑VI).
Исто така согласно праксата на Судот и членот 34 од Конвенцијата, жалбите можат да бидат поднесени само во име на лица кои биле живи (види Varnava and Others v. Turkey [GC], nos. 16064/90, 16065/90, 16066/90, 16068/90, 16069/90, 16070/90, 16071/90, 16072/90 and 16073/90, § 111, ECHR 2009). Оттука, во низа случаи каде директната жртва починала пред поднесувањето на жалбата, Судот не прифаќал дека директната жртва, дури и кога имала застапник, имала позиција на жалител согласно членот 34 од Конвенцијата (види Aizpurua Ortiz and Others v. Spain, no. 42430/05, § 30, 2 February 2010; Dvořáček and Dvořáčková v. Slovakia, no. 30754/04, §41, 28July 2009; и Kaya and Polat v. Turkey (dec.), nos. 2794/05 and 40345/05, 21 October 2008).
(ii) Индиректни жртви
97. Случаите од гореспоменатиот тип се разликуваат од случаите во кои на наследниците на жалителот им било дозволено да ја преземат жалбата која веќе била поднесена. Изворот за ова прашање е Ферфилд и други (цитиран горе) каде ќерката поднела жалба по смртта на својот татко, тврдејќи дека имало повреда на неговите права на слобода на мислење, вера и изразување (членовите 9 и 10 од Конвенцијата). Иако домашните судови ѝ дозволиле на г-а Ферфилд да продолжи со жалбата по смртта на нејзиниот татко, Судот не го прифатил статусот на жртва на ќерката и направил разлика меѓу овој случај и ситуацијата во Далбан против Романија (Dalban v. Romania ([GC], no. 28114/95, ECHR 1999‑VI)), во кој жалбата била поднесена од самиот жалител и чија вдовица продолжила со истата дури откако починал.
Во врска со ова Судот направил разлика меѓу жалбите во кои директната жртва починала откако жалбата била поднесена до Судот и оние кај кои тој или таа веќе биле починати.
Кога жалителот починал по поднесувањето на жалбата, Судот прифаќа дека најблискиот роднина или наследникот може начелно да продолжи со жалбата, под услов тој или таа да има доволно интерес за случајот (види на пример, вдовицата и децата во Raimondo v. Italy, 22 February 1994, § 2, Series A no. 281‑A, и Stojkovic v. “the former Yugoslav Republic of Macedonia”, no. 14818/02, § 25, 8 November 2007; родителите во X v. France, no. 18020/91, § 26, 31March 1992; внукот и потенцијален наследник во Malhous v. the Czech Republic (dec.), no. 33071/96, ECHR 2000‑XII; или невенчаниот или de facto партнер во Velikova v. Bulgaria (dec.), no. 41488/98, 18 May 1999; а наспроти универзалниот наследник кој не е роднински поврзан со починатион во Thévenon v. France (dec.), no. 2476/02, ECHR 200 –III; внуката во Léger v. France (неуспешно) [GC], no. 19324/02, § 50, 30March 2009; и ќерката на еден од првичните жалители во случај за непреносливите права согласно членовите 3 и 8 каде не се работело за општ интерес, M.P. and Others v. Bulgaria, no. 22457/08, §§ 96-100, 15 November 2011).
98. Меѓутоа состојбата варира кога директната жртва ќе почине пред да биде поднесена жалбата до Судот. Во такви случаи Судот, упатувајќи на автономно толкување на концептот „жртва“ покажал подготвеност да ја препознае позицијата на еден роднина било кога жалбите покренуваат прашање од општ интерес поврзан со „почитувањето на човекови права“ (член 37 § 1 in fine од Конвенцијата), а жалителите како наследници имале легитимен интерес да ја продолжат постапката со жалбата, или врз основа на директните последици по правата на самиот жалител (види Micallef v. Malta [GC], no. 17056/06, §§ 44-51, ECHR 2009, и Marie-Louise Loyen and Bruneel v. France, no. 55929/00, §§ 21-31, 5 July 2005). Последниве случаи, може да се забележи биле изнесени пред Судот после или поврзано со домашните постапки во кои самата директна жртва учествувала додека била жива.
Оттука Судот ја препознал позицијата да може роднина на жртвата да поднесе жалба кога жртвата починала или исчезнала во услови кои наводно се поврзано со одговорност на државата (види Çakıcı v. Turkey [GC], no. 23657/94, § 92, ECHR 1999‑IV, и Bazorkina v. Russia (dec.), no. 69481/01, 15 September 2005).
99. Во Варнава и други (цитиран горе) жалителите ги поднеле жалбите секој во сопствено име и во име на своите исчезнати роднини. Судот не сметал дека е неопходно да одлучува дали исчезнатите мажи треба или не треба да добијат статус на жалител, бидејќи во секој случај блиските роднини на исчезнатите мажи имале право да поднесат жалби во врска со нивното исчезнување (исто., § 112). Судот го разгледал случајот врз основа на тоа дека роднините на исчезнатите мажи биле жалители во однос на членот 34 од Конвенцијата.
100. Во случаи во кои наводната повреда на Конвенцијата не била тесно поврзана со исчезнувања или смрт поврзани си прашања кои потпаѓаат под членот 2, пристапот на Судот бил повеќе од рестриктивен, како во случајот на Санлес Санлес против Шпанија (Sanles Sanles v. Spain ((dec.), no. 48335/99, ECHR 2000‑XI)), којшто бил поврзан со забраната на помогнато самоубиство. Судот сметал дека правата на кои се повикал жалителот согласно членовите 2, 3, 5, 8, 9 и 14 од Конвенцијата ѝ припаѓале на категоријата на непреносливи права и затоа заклучил дека жалителката, која била балдаза на починатиот и законски наследник, не можела да тврди дека е жртва на повреда во име на нејзиниот починат зет. До истиот заклучок се дошло и во однос на жалбите согласно членовите 9 и 10 изнесени од ќерката на наводната жртва (види Ферфилд и други, цитиран горе).
Во други случаи во врска со жалби по членовите 5, 6 и 8 Судот доделил статус на жртва на блиски роднини, дозволувајќи им да поднесат жалба во која покажале морален интерес за починатата жртва да биде ослободена од секакви наоди дека е виновна (види Nölkenbockhoff v. Germany, no. 10300/83, § 33, 25 August 1987, и Grădinar v. Moldova, no. 7170/02, §§ 95 and 97-98, 8 April 2008) или заради заштита на сопствениот углед и угледот на своето семејство (види Brudnicka and Others v. Poland, no. 54723/00, §§27-31, ECHR 2005‑II; Armonienė v. Lithuania, no. 36919/02, § 29, 25November 2008; и Polanco Torres and Movilla Polanco v. Spain, no.34147/06, §§31-33, 21 September 2010), или кога тие покажале материјален интерес врз основа на директната последица по нивните материјални права (види Ressegatti v. Switzerland, no. 17671/02, §§ 23-25, 13 July 2006; и Marie-Louise Loyen and Bruneel, §§ 29-30; Nölkenbockhoff, §33;Grădinar, § 97; и Micallef, § 48, сите цитирани горе). Исто така се зема во предвид постоењето на општ интерес заради кој е потребна постапка во која ќе се разгледаат жалбите (види Marie-Louise Loyen and Bruneel, § 29; Ressegatti, § 26;Micallef, §§ 46 и 50, сите цитирани горе; и Biç and Others v. Turkey, no. 55955/00,§§ 22-23, 2 February 2006).
Учеството на жалителот во домашните постапки се смета дека е само еден од неколкуте релевантни критериуми (види Nölkenbockhoff, § 33; Micallef, §§ 48-49; Polanco Torres and Movilla Polanco, § 31; и Grădinar, §§ 98-99, сите цитирани горе; и Kaburov v. Bulgaria (dec.), no. 9035/06, §§ 52-53, 19 June 2012).
(iii) Потенцијални жртви и actio popularis
101. Членот 34 од Конвенцијата не дозволува жалби in abstracto за наводни повреди на Конвенцијата. Конвенцијата не предвидува примена на actio popularis (види Klass and Others v. Germany, 6 September 1978, § 33, Series A no. 28; The Georgian Labour Party v. Georgia (dec.), no. 9103/04, 22 May 2007; и Burden, цитиран горе, § 33), што значи дека жалителите не можат да се жалат на одредба во домашното право, домашната пракса или јавни акти чисто затоа што се чини дека се спротивни на Конвенцијата.
За жалителите да можат да тврдат дека се жртви тие мораат да обезбедат разумни и убедливи докази за веројатноста дека повредата ги погодила нив лично; чист сомнеж или претпоставка не се доволни во оваа смисла (види Tauira and 18 Others v. France, жалба бр. 28204/95, одлука на Комисијата од 4 декември 1995, Decisions and Reports (DR) 83-B, p. 131, и Monnat v. Switzerland, no. 73604/01, §§ 31-32, ECHR 2006-X).
(iv) Застапување
102. Според добро воспоставената судска пракса на Судот (види параграф 96 горе), жалбите можат да бидат поднесени само од живи луѓе или во нивно име.
Кога жалителите ќе се одлучат да бидат застапувани согласно правилото 36 § 1 од Деловникот на Судот, наместо самите да ја поднесат жалбата, Правилото 45 § 3 бара тие да дадат писмено полномошно соодветно потпишано за да може да дејствуваат. Од суштинска важност е застапниците да демонстрираат дека добиле конкретни и експлицитни насоки од наводната жртва во рамките на значењето на членот 34 во чие име тврдат дека се појавуваат пред Судот (види Post v. the Netherlands (dec.), no. 21727/08, 20 January 2009; што се однесува до валидноста на овластувањето за застапување , види Aliev v. Georgia, no. 522/04, §§ 44-49, 13 January 2009).
103. Меѓутоа, институциите на Конвенцијата имаат одлучено дека посебно треба да се разгледаат случаите на жртви на наводни повреди на членовите 2, 3 и 8 од страна на националните власти.
Жалбите што се поднесени од страна на поединци во име на жртви, дури иако не е доставена валиден документ за полномошно, се прогласуваа за допуштени. Посебно внимание се покажува во однос на ранливоста на жртвите заради нивната возраст, пол или инвалидитет, што ги прави неспособни да поднесат жалба за даденото прашање пред Судот, соодветно внимание исто така се посветува на врските меѓу лицето кое ја поднесува жалбата и жртвата (види mutatis mutandis, Илхан, цитиран горе, § 55, каде биле поднесени жалби од страна на жалител во име на неговиот брат кој бил малтретиран; Y.F. v. Turkey, no. 24209/94, § 29, ECHR 2003–IX, каде сопругот се жалел дека неговата сопруга била присилена на гинеколошки преглед; и С.П., Д.П. и А.Т. против Обединетото Кралство (S.P., D.P. and A.T. v. the United Kingdom), цитиран горе, каде била поднесена жалба од страна на адвокат во име на децата кои ги застапувал во домашните постапки, за кои бил назначен од страна на старателот ad litem).
Наспроти ова во Ненчева и други (цитиран горе, § 93) Судот не го прифатил статусот на жртва на здружението жалител којшто дејствувал во име на директни жртви, забележувајќи дека случајот не го изнеле пред домашните судови и исто така дека фактите на кои се жалеле на никаков начин не влијаеле на неговите активности, бидејќи здружението можело да продолжи да работи на остварување на своите цели. Судот иако ја признава позицијата на роднините на некои од жртвите, сепак го има оставено отворено прашањето за претставување на жртвите кои не можеле да дејствуваат во сопствено име пред него, прифаќајќи дека вонредните околности може да бараат и вонредни мерки.
(б) Дали ЦПР имале позиција во овој случај
104. Овој случај се однесува на крајно ранливо лице без никаков близок роднина, г-динот Кампеану, млад Ром со тежок ментален хендикеп кој бил заразен со ХИВ, кој целиот свој живот го поминал под закрила на државните власти и кој починал во болница, наводно како резултат на запоставеност. По неговата смрт и без да имаат некаков позначаен контакт додека бил жив (види параграф 23 горе) или да добие некакво овластување или насоки од него или некое друго надлежно лице, здружението жалител (ЦПР) сега се обидува да поднесе пред судот жалба во врска, меѓу другото, со околностите на неговата смрт.
105. Според гледањето на Судот овој случај не потпаѓа лесно под категориите кои се опфатени со горенаведената судска пракса и со тоа покренува тешко прашање на толкување на Конвенцијата во врска со позицијата на ЦПР. При осврнувањето на ова прашање Судот ќе го земе во предвид фактот дека Конвенцијата мора да се толкува дека ги гарантира правата кои се практични и делотворни наспроти теоретски и илузорни (види Artico v. Italy, 13 May 1980, § 33, Series A no. 37 и властите цитирани таму). Исто така треба да се има на ум дека пресудите на Судот „служат не само за да се одлучи по случаите изнесени пред Судот, туку, поопшто, и за да се разјаснат, заштитат и развијат правилата воведени со Конвенцијата, со што се придонесува кон придржувањето од страна на државите на обврските што ги имаат преземено како договорни страни (види Ireland v. the United Kingdom, 18 January 1978, § 154, Series A no. 25, и Konstantin Markin v. Russia[GC], no. 30078/06, § 89, ECHR 2012). Истовремено и, како што е се јавува во судската пракса во врска со статусот на жртва и поимот „позиција“, Судот мора да обезбеди дека условите на допуштеност кои владеат со пристапот до него се толкуваат на конзистентен начин.
106. Судот смета дека е несомнено дека г-динот Кампеану бил директната жртва во рамките на значењето член 34 од Конвенцијата, од последиците кои во крајна линија довеле до негова смрт и кои се во сржта на главната жалба изнесена пред Судот во актуелниот случај, имено жалбата поднесена согласно членот 2 од Конвенцијата.
107. Од друга страна Судот не може да најде доволно релевантни основи за ЦПР да ги смета за индиректна жртва согласно значењето на неговата судска пракса. Она што е од клучна важност е дека ЦПР не демонстрираа доволно „блиска врска“ со директната жртва; ниту пак тврделе дека имаат „личен интерес“ да ги поднесат жалбите пред Судот, во врска со дефиницијата на овие концепти во судската пракса на Судот (види параграфи 97-100 горе).
108. Додека бил жив г-динот Кампеану не иницирал никакви постапки пред домашните судови за да се жали за својата медицинска и правна ситуација. Иако формално него го сметале за лице со целосен правен капацитет, се чини дека е јасно дека во пракса бил третиран како лице кое не било тоа (види параграфи 14 и 16 горе). Во секој случај, со оглед на неговата состојба на крајна ранливост Судот смета дека не бил способен да иницира такви постапки самиот без соодветна правна помош и совет. Оттука се наоѓал во сосема различна и помалку наклонета позиција од оние што ги разгледувал Судот во претходни случаи. Тие се однесувале на лица кои имале правен капацитет, или барем не биле спречени да покренат постапки за време на својот живот (види параграфи 98 и 100 горе), и во чие име жалбите биле поднесени по нивната смрт.
109. По смртта на г-динот Кампеану, ЦПР покренале различни домашни постапки насочени кон разјаснување на околностите кои довеле и ја опкружување неговата смрт. Конечно, откако со истрагата било заклучено дека немало никакво кривично дело во врска со смртта на г-динот Кампеану, ЦПР ја поднеле оваа жалба до Судот.
110. Судот придава голема важност на фактот дека ниту капацитетот на ЦПР да дејствува во име на г-динот Кампеану, ниту нивното застапување во негово име пред домашните здравствени и судски власти не биле ставени под знак прашање или оспорени на било кој начин (види параграфи 23, 27-28, 33, 37-38 и 40-41 горе); таквите иницијативи, што вообичаено би биле должност на старателот или застапникот, со тоа биле преземени од ЦПР без никакви приговори од страна на соодветните власти, кои се согласиле со овие постапки и се справиле со сите жалби поднесени до нив.
111. Судот исто така забележува, како што е споменато горе дека во времето на неговата смрт, г-динот Кампеану немал никаков познат роднина и дека кога достигнал возраст на полнолетство не му било назначено никакво компетентно лице или старател од страна на државата да се грижи за неговите интереси, било правни или други без разлика на статутарните барања да се направи тоа. На домашно ниво ЦПР се впуштиле да го застапуваат нешто кратко пред неговата смрт – во времето кога бил евидентно неспособен да изрази какви било желби или гледишта во врска со неговите сопствени потреби и интереси, а уште помалку дали да примени некакви правни лекови. Заради пропустот на властите да назначат законски старател или друг претставник, ниту му била ставена на располагање некаква форма на застапување за негова заштита ниту било организирано застапување во негово име пред болничките власти, националните судови и Судот (види, mutatis mutandis, P., C. and S. v. the United Kingdom (dec.), no. 56547/00, 11 December 2001, и B. v. Romania (no. 2), цитиран горе, §§ 96-97). Исто така е важно дека главната жалба согласно Конвенцијата се занимава со жалбите согласно член 2 („Правото на живот“) кои г-динот Кампеану, иако бил директна жртва, очигледно не можел да ги покрене заради својата смрт.
112. Во горенаведениот контекст, Судот е задоволен дека во вонредните околности на овој случај и со оглед на сериозната природа на наводите, треба да им се овозможи на ЦПР да делуваат како застапник на г-динот Кампеану без разлика на фактот дека немале полномошно да дејствуваат во негово име и дека тој починал пред жалбата да биде поднесена согласно Конвенцијата. Секаква друга одлука би довела со спречување на такви сериозни тврдења за повреда на Конвенцијата да бидат разгледани на меѓународно ниво, со ризик дека тужената држава би можела да се извлече од одговорност согласно Конвенцијата како резултат на нејзиниот пропуст да назначат правен застапник да делува во негово име согласно барањата на националното право (види параграфи 59 и 60 горе; исто така види, mutatis mutandis, P., C. and S. v. the United Kingdom, цитиран горе, и The Argeş College of Legal Advisers v. Romania, no. 2162/05, § 26, 8 March 2011). Да ѝ се дозволи на тужената држава да ја избегне отчетноста на ваков начин нема да биде во согласност со општиот дух на Конвенцијата, ниту пак со обврската на високите договорни страни согласно членот 34 од Конвенцијата на никаков начин да не го попречи делотворното уживање на правото да поднесе жалба пред Судот.
113. Доделувањето на позиција на ЦПР да дејствува како застапник на г-динот Кампеану претставува пристап кој е во согласност со примената на правото на судско разгледување согласно член 5 § 4 од Конвенцијата во случај на „лица со нездрав ум“ (член 5 § 4(д)). Во овој контекст може да се потврди дека е од суштинска важност засегнатото лице да има пристап до суд и можност да биде сослушан било лично, или кога е тоа неопходно преку некаква форма на застапување, и ако ова не се оствари тој нема да ги добие „основните гаранции во процедурата што се применува за прашања поврзани со лишување од слобода“ (види De Wilde, Ooms and Versyp v. Belgium, 18 June 1971, § 76, Series A no. 12). Ментална болест може да вклучува ограничување или промени во начинот на уживање на таквото право (види Golder v. the United Kingdom, 21 February 1975, § 39, Series A no. 18), но не може да оправда попречување на самата суштина на таквото право. Навистина, специјални процедурални заштити може да се покаже дека се потребни за да се заштитат интересите на лицата, кои на сметка на нивниот ментален хендикеп, не се целосно способни да дејствуваат самите (види Winterwerp v. the Netherlands, 24 October 1979, § 60, Series A no. 33). Попречувањето всушност може да ја прекрши Конвенцијата токму како правна пречка (види Голдер, цитиран горе, § 26).
114. Соодветно на тоа, Судот го отфрли приговорот на Владата во врска со недостатокот на locus standi кај ЦПР, со оглед на неговата позиција како застапник на г-динот Кампеану.
Судот понатаму забележува дека жалбите согласно ова прашање не се евидентно погрешно засновани во рамките на значењето на членот 35 § 3(a) од Конвенцијата или не се недопуштени по некој друг основ. Затоа мора да се прогласат за допуштени.
Б. Основаност
1. Изјаснувања пред Судот
(а) ЦПР
115. ЦПР се изјасни дека како резултат на нивните несоодветни одлуки во врска со трансферот на г-динот Кампеану во институции кои не ги поседуваат бараните вештини и услови за да се справат со неговата состојба, што било проследено со несоодветни медицински дејствија или пропусти, властите придонеле, директно или индиректно, за неговата прерана смрт.
ЦПР нагласи дека иако лекарските прегледи направени на г-динот Кампеану во текот на месеците пред неговиот прием во ЦМСЦ и последователно во ПМБ ја потврдиле неговата „општо добра состојба“ без некакви поголеми здравствени проблеми, неговото здравје драстично се влошило во двете недели пред неговата смрт, во времето кога бил под надзор на властите. Согласно богатата судска пракса на Судот согласно членот 2, што е релевантен за овој случај, државата требаше да ја појасни лекарската нега што му била обезбедена и причините за смртта на г-динот Кампеану (ЦПР ги цитираше, меѓу другите извори, Kats and Others v. Ukraine, no. 29971/04, § 104, 18 December 2008; Dodov v. Bulgaria, no. 59548/00, § 81, 17 January 2008; Aleksanyan v. Russia, no. 46468/06, § 147, 22 December 2008; Khudobin v. Russia, no. 59696/00, § 84, ECHR 2006‑XII; и Z.H. v. Hungary, no. 28973/11, §§ 31-32, 8 November 2012).
Оваа обврска не била исполнета од Владата, која од една страна не успеала да обезбеди важни медицински документи кои се однесувале на г-динот Кампеану, а од друга страна до Судот поднесла дупликати од медицинската документација која го покривала неговиот престој во ПМБ, во која се променети важни информации. Додека оригиналната медицинска евиденција–која претставува различни фази од домашната постапка – не упатуваат дека на г-динот Кампеану му било обезбедено лекување со АРВ, новиот документ, напишан со различен ракопис, упатува на лекување со АРВ со што се сугерира дека таквите лекови му биле дадени на пациентот. Со оглед дека Владата се потпираше на новиот документ за да ги оспори пред Судот аргументите на ЦПР во врска со отсуството на лекување со АРВ (види параграф 122 долу), ЦПР се изјасни дека постои голема веројатност дека документот бил изработен подоцна со цел да се поткрепат аргументите на Владата пред Судот.
116. ЦПР понатаму се изјасни дека неколку документи што се изработени за случајот, особено во врска со посетите на ЦПР на лице место, покажале дека властите дефинитивно биле свесни за супстандардните услови за живот и нега и лекување во ПМБ, пред 2004 г. па дури и во релевантното време (види параграфи 47, 74 и 78 горе).
117. Тоа што на г-динот Кампеану не му била обезбедена соодветна нега и лекување беше потврдено од многу лошо водената здравствена евиденција и несоодветно евидентираните префрлања на пациентот меѓу различните болнички одделенија. Таквите пропусти се значителни, со оглед дека било очигледно дека здравствената состојба на пациентот се влошувала за време на релевантниот период и со тоа било неопходно итно лекување. Исто така, како што беше споменато горе, иако лекувањето со АРВ на пациентот било прекинато за време на неговиот краток престој во ЦМСЦ, многу е веројатно дека за време на неговиот престој во ПМБ г-динот Кампеану исто така не примал АРВ лекови. Истовремено иако серија на испитувања биле побарани, тие никогаш не биле направени. Официјалната истрага не успеала да ги појасни ваквите клучни аспекти на случајот, без разлика што можеби имало поверојатни објаснувања за наводното психотично однесување на пациентот, како што е септикемија или неговата присилна сегрегација во посебна соба.
Со оглед на горенаведеното, ЦПР изнесе дека сосема е јасно дека значителните обврски согласно членот 2 не биле исполнети од страна на тужената држава.
118. ЦПР понатаму тврдеше дека животните услови во ПМБ и сместувањето на пациентот во посебна соба достигнало ниво на посебна повреда на членот 3.
Цврсти докази во случајов, вклучително документи издадени од романските власти, како што е Владата, обвинителството при Високиот суд, Националниот завод за судска медицина или персоналот на самата ПМБ, ги нагласија супстандардните условите во ПМБ во релевантното време, особено во однос на недостатокот на храна, греење и присуството на заразни болести.
Неспорно е дека г-динот Кампеану бил сместен сам во посебна соба; набљудувачите на ЦПР во времето на нивната посета на ПМБ забележале дека пациентот не бил соодветно облечен, собата била студена, а персоналот одбил да му ги обезбедат основните лични потреби. Иако Владата тврдеше дека оваа мерка не била преземена со некаква намера да се дискриминира пациентот, тие не успеале да обезбедат некакво валидно оправдување за тоа. Тврдењето дека собата во прашање била единствената слободна просторија било оспорено од бројни извештаи кои покажуваат дека во тоа време не бил целосно исполнет капацитетот на болницата.
119. ЦПР тврдеше дека официјалната истрага спроведена во случајот не била во согласност со условите од Конвенцијата од следниве причини: нејзиниот опсег бил премногу тесен, фокусирајќи се само на два лекари, еден од ЦМСЦ и еден од ПМБ, при тоа игнорирајќи го останатиот персонал и останатите инволвирани агенции; само директната причина за смртта и периодот веднаш пред биле анализиран; а властите не успеале да соберат доволно докази на време и да ги појаснат спорните факти, вклучително и причината за смртта во случајот. Тоа што не била направена аутопсија веднаш по смртта на пациентот и тоа што не обезбедиле медицинска нега биле недостатоците кои биле нагласени во првостепената одлука на судот, која пак била укината од апелациониот суд.
ЦПР како во својот заклучок рече дека истрагата не ги исполнила барањата согласно членовите 2 и 3 од Конвенцијата во однос на тоа дека не успала да ги утврди фактите, да ја утврди причината за смртта и да ги казни прекршителите.
120. ЦПР тврдеше дека во случај на лица со хендикеп кои биле затворени во државна установа, членот 13 бара од државите да преземат позитивни чекори за да се обезбеди овие лица да имаат пристап до правда, вклучително со креирање на независен механизам за следење кој може да добие жалби за такви прашања, да истражува злоупотреба, да изрекува санкции или да го упати случајот до соодветните власти.
121. Тие посочија дека во неколку претходни случаи против Романија, Судот утврдил повреда на сметка на адекватни правни лекови во врска со лица со хендикеп жалејќи се во однос на членовите 3 или 5 од Конвенцијата (тие го цитираа Filip v. Romania, no. 41124/02, § 49, 14 December 2006; C.B. v. Romania, цитиран горе, §§ 65-67; Parascineti v. Romania, no.32060/05, §§ 34-38, 13 March 2012; и B. v. Romania (no. 2), цитиран горе, §97).
Истите заклучоци се појавија од конзистентната документација издадена од меѓународни невладини организации како што се Хјуман Рајтс Воч (Human Rights Watch) или Меѓународната организација за правата на лицата со ментален хендикеп (Mental Disability Rights International), а самите ЦПР исто така пријавија недостаток на заштита од малтретирање како и тоа дека лицата сместени во психијатриски установи главно не биле свесни за своите права, додека персоналот не бил обучен да одговори на наводи за злоупотреба.
ЦПР понатаму тврдеа дека од нивните сознанија, и покрај крајно веродостојните тврдења во врска со сомнителните случаи на смрт во психијатриски установи, никогаш немало конечна одлука со која некој член на персоналот бил прогласен за кривично или граѓанско одговорен за злоупотреба во врска со тие случаи. Во случајот со 129 случаи на смрт пријавени во ПМБ во периодот од 2002 до 2004, кривичните истраги не резултирале со никакви наоди за погрешни постапки, а одлуките да не се поднесе кривично обвинение последователно биле потврдени од судовите.
Како заклучок, романскиот правен систем генерално не нуди делотворни правни лекови во рамките на значењето на членот 13 во врска со лицата со ментален хендикеп, и поконкретно особено во врска со правата на г-динот Кампеану согласно заштитата од членовите 2 и 3.
(б) Владата
122. Владата тврдеше дека со оглед дека ХИВ е многу сериозна и прогресивна болест, фактот дека г-динот Кампеану починал од неа само по себе не било доказ дека неговата смрт била предизвикана од пропустите во здравствениот систем.
Исто така, не биле изнесени никакви докази кои би покажале дека властите не успеале да му обезбедат на г-динот Кампеану лекување со АРВ; напротив Владата поднеле копија од здравственото досие на пациентот од ПМБ, со која беше потврдено дека го добивал потребниот третман со АРВ додека бил во болницата.
Заклучокот на Дисциплинската комисија на Лекарското здружение исто така потврдил соодветност на лековите што му биле дадени на г-динот Кампеану (види параграф 35 горе). Оттука членот 2 согласно својот материјален аспект не се применува во случајот.
123. Согласно членот 3, Владата се изјасни дека и во ЦМСЦ и во ПМБ, општите услови (хигиена, искрана, греење како и човечки ресурси) биле соодветни и во согласност со стандардите кои постоеле во материјалното време.
Медицинската нега што г-динот Кампеану ја добил била соодветна на неговата здравствена состојба; тој бил примен во ЦМСЦ додека бил во „добра општа здравствена состојба“ и бил префрлен во ПМБ кога започнале „насилните испади“. Пациентот бил сместен сам во соба во ПМБ, не со намера да биде изолиран, туку бидејќи тоа била единствената слободна соба. И покрај неговото примање на инфузија, пациентот починал на 20 февруари 2004 г. од кардиореспираторна инсуфиенција.
Во овој контекст Владата тврдеше дека со оглед на краткото време што г-динот Кампеану го поминал во ПМБ, членот 3 не можел да се примени во однос на материјалните услови во болницата.
124. Владата тврдеше дека кривичните жалби поднесени од ЦПР во врска со околностите на смртта на Кампеану била темелно разгледана од страна на домашните власти - судови, комисии или истражни тела - и сите давале детални и убедливи причини за своите одлуки. Оттука, одговорноста на државата согласно членовите 2 или 3 не можела да се примени.
125. Во врска со членот 13, Владата се изјаснила дека со оглед дека оваа жалба била поврзана со други жалби изнесени од ЦПР, немало потреба посебно да биде разгледана; во секој случај жалбите согласно овој член биле неосновани.
Од друга страна, Владата тврдеше дека домашното законодавство предвидувало делотворни правни лекови во рамките на значењето на членот 13 за поплаките што се покренати со жалбата.
Владата го посочи романскиот народен правобранител како еден од достапните правни лекови. Според статистичките информации достапни на веб страницата на народниот правобранител, народниот правобранител бил дел од неколку случаи на наводи повреди на човекови права меѓу 2003 и 2011 година.
Упатувајќи на две домашни пресуди кои биле понесени како докази на барање на Судот, Владата тврдеше дека кога работеле на случаи кои се занимавале со лица со ментален хендикеп, романските судови имале сериозен пристап и редовно ја оценувале основаноста.
126. На поконкретно ниво, а поврзано со член 2, Владата се изјасни дека состојбата во ПМБ значително се подобрила, по жалбите поврзани со условите за живот и здравствените услови во болницата. Во таа смисла се чинело дека жалбата претставувала делотворен правен лек, во однос на стандардите од Конвенција.
Упатувајќи на членот 3, Владата тврдеше дека ЦПР исто така можеле да покренат постапка за надоместок заради несоодветно лечење
Заради гореспоменатите причини, Владата се изјасни дека г-динот Кампеану, било лично или преку застапник, имал на располагање различни делотворни правни лекови за секоја од поплаките покренати со жалбата; оттука жалбата во однос на членот 13 била неосновано.
(в) Интервенции на трети страни
(i) Центар за застапување на лица со ментален хендикеп (Mental Disability Advocacy Center)
127. Центарот за застапување на лица со ментален хендикеп (МДАЦ) тврдеше дека случаите на услови опасни по живот во установи кои згрижуваат деца со ментален хендикеп или со ХИВ се документирани низ цела Европа, со извештаи кои сугерираат дека болните деца обично не ги примаат во болница, без разлика на сериозноста на нивната состојба, и дека биле оставени да умрат во тие установи. Во својот Извештај за човековите права за Романија од 2009 година, американскиот Стејт Департмент укажува на континуирано лошите услови во ПМБ, упатувајќи на пренатрупаност, недоволно персонал и лекови, лоша хигиена, а средства за смирување и совладување биле користени на големо.
Упатувајќи на меѓународната судска пракса во однос на правото на живот (на пример, пресудите на Меѓуамерканскиот суд за човекови права во случајот Villagrán Morales et al. v. Guatemala, 19 November 1999, кој се однесува на пет деца кои живееле на улица, и случајот Velásquez Rodríguez v. Honduras, 29 July 1988), МДАЦ се изјасниле дека обврската на државата да го заштити животот вклучувало обезбедување на потребното медицинско лечење, со преземање ги сите потребни превентивни мерки и механизми за следење, истражување и гонење на оние што се одговорни; истовремено, жртвите треба да добијат делотворна или практична шанса да бараат заштита на своето право на живот. Пропустот на државата да им обезбеди таква можност на крајно ранливи лица додека се живи, во крајна линија не треба да доведе до неказнување на државата по нивната смрт.
(ii) Еврорегионалниот центар за јавни иницијативи (The Euroregional Center for Public Initiatives)
128. Еврорегионалниот центар за јавни иницијативи (ЕЦИП) се изјасни дека во Романија живее една од најголемите групи на луѓе што живеат со ХИВ (ЛЖХИВ) во централна и источна Европа, главно затоа што меѓу 1986 и 1991 околу 10.000 деца сместени во јавни болници и сиропиталишта биле изложени на ризик од зараза со ХИВ заради повеќекратно користење на игли и микротрансфузии со непроверена крв. Во декември 2004 г. имало 7.088 случаи на СИДА и 4.462 случаи на инфекции со ХИВ регистрирани кај деца. Од нив 3.482 деца починале од СИДА до крајот на 2004 година.
ЕЦИП тврдеше дека високата појавност на заразеност со ХИВ меѓу децата била заради третманот на кој биле изложени во сиропиталиштата и болниците, со оглед на фактот дека за децата со хендикеп се сметало дека „им нема лек“ и дека биле „непродуктивни“ и бидејќи персоналот немал ниту квалификации ниту интерес да им обезбедат соодветна лекарска нега.
ЕЦИП упатиле на фактот дека во 2003 г. Комитетот на ООН за правата на детето ја изразило својата загриженост дека лекувањето со АРВ било достапно само на ограничен број на лица во Романија и неговото континуирано обезбедување обично било прекинувано заради недостаток на средства. Исто така, дури и на крајот од 2009 г. залихите со АРВ лекови биле мали заради недостаток на финансиски средства од Националниот фонд за здравствено осигурување и раководството на националната програма за ХИВ.
ЕЦИП понатаму се изјасни дека ЛЖХИВ живееле во затворени установи или болници подолг период, нивниот пристап до АРВ во голема мерка зависел од чекорите што ги преземала установата да дојде до залихи од лекарот за заразни болести кај кој бил регистриран пациентот. Вообичаено, пациентите заразени со ХИВ ги немале информациите кои им биле потребни за да ги искористат своите законски права при проценката на здравствените услуги.
Во 2009 г. Комитетот за човековите права на детето има изразено загриженост дека детето заразено со ХИВ честопати било соочено со бариери при проценката на здравствените услуги.
Во врска со конкретниот случај со ЛЖХИВ кои исто така страдале и од ментални здравствени проблеми, ЕЦПИ тврдел дека психијатриските болници понекогаш одбивале да лекуваат деца и младинци позитивни на ХИВ заради страв од инфекција. Беше упатено на документ на Хјуман Рајтс Воч од 2007 г. за таквите состојби (Животот не може да чека. Отсуството на заштита и поддршка за децата и младите во Романија кои живеат со ХИВ - Life Doesn’t Wait. Romania’s Failure to Protect and Support Children and Youth Living with HIV).
(iii) Хјуман Рајтс Воч (Human Rights Watch)
129. Хјуман Рајтс Воч упати на своите писмени поднесоци во врска со заклучоците на Комитетот на ООН за економски, социјални и културни права, во однос на тоа дека здравствените установи и услуги мораат да бидат достапни за сите, особено најранливото население, и дека тоа што властите не обезбедиле такви услуги вклучително и недостатокот на национална здравствена политика дизајнирана да обезбеди право на здравје на секого, лошото менаџирање при распределбата на јавните средства, и неуспешното намалување на стапката на морталитет кај новороденчињата и мајките.
2. Оценка на Судот
(а) Членот 2 од Конвенцијата
(i) Општи принципи
130. Првата реченица од членот 2 ѝ наложува на државата не само да се воздржи од намерно и незаконско одземање на живот туку исто така и преземање на соодветни чекори за заштита на животите на оние што се под нејзина јурисдикција (види L.C.B. v. the United Kingdom, 9 June 1998, § 36, Reports of Judgments and Decisions 1998‑III).
Позитивната обврска согласно членот 2 мора да се толкува дека се применува во контекст на секоја активност, било јавна или не, во која правото на живот може да е загрозено. Ваква е ситуацијата, на пример, во секторот здравствена нега што се однесува на дејствија или пропусти од страна на здравствени работници (види Додов, цитиран горе, §§ 70, 79-83 и 87, и Vo v. France [GC], no. 53924/00, §§ 89‑90, ECHR 2004‑VIII, со дополнителни упатувања), од државите се бара да усвојат прописи кои ќе бидат задолжителни за болниците, било да се јавни или приватни, за да усвојат соодветни мерки за заштита на животите на нивните пациенти (види Calvelli and Ciglio v. Italy [GC], no.32967/96, §49, ECHR 2002‑I). Ова се применува кога способноста на пациентите да се грижат сами за себе е ограничена (види Додов, цитиран горе, § 81); во однос на управувањето со опасни активности (види Öneryıldız v. Turkey [GC], no. 48939/99, § 71, ECHR 2004‑XII); во врска со образовните власти, кои имаат обврска да го штитат здравјето и благосостојбата на учениците, особено малите деца кои се особено ранливи и исклучиво под нивен надзор (види Ilbeyi Kemaloğlu and Meriye Kemaloğlu v. Turkey, no. 19986/06, § 35, 10 April 2012); или слично на тоа медицинската нега и помош што им се обезбедува на младите деца кои се институционализирани во државни установи (види Ненчева и други, цитиран горе, §§ 105-116).
Такви позитивни обврски произлегуваат кога им е познато, или би требало да им е познато на властите со оглед на околностите, дека жртвата била соочена со вистински и директен ризик од кривични дела од трета страна (види Ненчева и други, цитиран горе, § 108), и доколку е така дека тие не ги презеле мерките во рамките на опсегот на нивните овластувања за кои врз основа на разумна проценка може да се каже дека од нив можело да се очекува да го избегнат тој ризик (види A. and Others v. Turkey, no. 30015/96, §§ 44-45, 27 July 2004).
131. Во контекст на важноста за заштита што му се доделува на членот 2, Судот највнимателно да ги провери лишувањата од живот, земајќи ги во предвид не само дејствијата на државните агенти туку и сите околности. Лицата кои се лишени од слобода се наоѓаат во ранлива позиција и властите имаат обврска да ги заштитат. Кога властите ќе одлучат да сместат или задржат лице со хендикеп во установа од затворен тип, тие треба да демонстрираат посебна грижа при гарантирањето на услови кои ќе одговараат на неговите посебни потреби кои произлегуваат од неговиот хендикеп (види Jasinskis v. Latvia, no. 45744/08, §59, 21 December 2010, со понатамошни упатувања). Пошироко гледано, Судот одлучи дека државите имаат обврска да преземат конкретни мерки за да се обезбеди делотворна заштита на ранливите лица од малтретирање за што властите знаеле или требале да знаат (Z and Others v. the United Kingdom [GC], no. 29392/95, § 73, ECHR 2001‑V). Последователно кога едно лице ќе биде затворено во добра здравствена состојба но подоцна почине, државата има обврска да обезбеди задоволително и убедливо објаснување за тоа што довело до неговата смрт (види Carabulea v. Romania, no. 45661/99, § 108, 13 July 2010) и да обезбеди докази кои фрлаат сомнеж врз искреноста на тврдењата на жртвата, особено ако тие тврдења се поткрепени со лекарски извештаи (види Selmouni v. France [GC], no. 25803/94, § 87, ECHR 1999‑V, и Abdülsamet Yaman v. Turkey, no. 32446/96, § 43, 2 November 2004).
При проценувањето на доказите, Судот го усвојува стандардот на докажување „вон разумен сомнеж“. Меѓутоа таквиот доказ може да следи од коегзистенцијата на доволно силни, јасни и согласни заклучоци или од слични непобитни претпоставки на факти (види Orhan v. Turkey, no. 25656/94, § 264, 18 June 2002, § 264, и Ireland v. the United Kingdom, цитиран горе, § 161).
132. Должноста на државата да го штити правото на живот мора да се смета дека вклучува не само преземање на разумни мерки за да се обезбеди сигурност на поединците на јавните места, туку исто така, во случај на сериозна повреда или смрт, да имаат делотворен и независен судски систем кој обезбедува достапност на правни средства со кои може брзо да се утврдат фактите, при што оние што згрешиле ќе се сметаат за одговорни и ќе се обезбеди соодветна отштета за жртвата (види Додов, цитиран горе, § 83).
Оваа обврска не значи дека се бара обезбедување на кривично-правен лек во секој случај. Кога ќе се покаже негрижа, на пример, обврската може исто така да се задоволи доколку правниот систем на жртвите им обезбедува правен лек во граѓанските судови, било сам или заедно со правен лек во кривичните судови. Меѓутоа членот 2 од Конвенцијата нема да биде задоволен доколку заштитата што е обезбедена со домашното право постои само во теорија: пред сè мора да делува на делотворен начин и во пракса (види Calvelli and Ciglio, цитиран горе, § 53).
133. Од друга страна, националните судови не треба да дозволат делата со кои се загрозува животот да не бидат казнети. Ова е од суштинска важност за зачувување на довербата на јавноста и за обезбедување на почитување на владеењето на правото и за спречување на секакви појави на толеранција или соработка при извршување на незаконски дела (види, mutatis mutandis, Nikolova and Velichkova v. Bulgaria, no. 7888/03, § 57, 20 December2007). Затоа задачата на Судот се состои од проверка дали и до која мерка судовите при носењето на своите заклучоци спровеле внимателна анализа како што се бара во членот 2 од Конвенцијата за да се сочува ефектот на одвраќање на воспоставениот судски систем и за да се обезбеди повредите на правото на живот да бидат разгледани и обесштетени (види Öneryıldız, цитиран горе, § 96).
(ii) Примена на горенаведените принципи во актуелниот случај
(α) Материјален аспект
134. Осврнувајќи се на позадината на случајот, Судот забележа на самиот почеток дека г-динот Кампеану целиот свој живот го поминал во рацете на домашните власти: пораснал во сиропиталиште откако бил напуштен по раѓањето, а подоцна бил префрлен во Центарот за сместување, потоа во ЦМСЦ и конечно во ПМБ каде на 20 февруари 2004 година прерано го напуштил овој свет.
135. Во текот на овие фази откако г-динот Кампеану наполнил осумнаесет години не му бил доделен старател, било постојан или привремен; претпоставката оттука била дека имал целосна правна способност и покрај неговиот тежок ментален хендикеп.
Ако навистина било така, Судот забележува дека начинот на кој здравствените власти се справиле со случајот на г-динот Кампеану бил спротивен на барањата од Законот за ментално здравје во случајот на пациенти со целосна правна способност: не била добиена согласност за сукцесивни префрлања на пациентот од една здравствена установа во друга, откако наполнил осумнаесет години; за неговиот прием во ПМБ, психијатриска установа, не била дадена никаква согласност; пациентот не бил ниту информиран ниту консултиран за здравствената нега која му била обезбедена, ниту пак бил информиран за можноста да оспори некоја од горенаведените мерки. Оправдувањето на властите било дека пациентот „не соработувал“ или дека „не било можно да се комуницира со него“ (види параграфи 14 и 16 горе).
Во овој контекст Судот повторува дека во случајот на Б. против Романија (бр. 2) (цитиран горе, §§ 93-98) тој посочил сериозни пропусти во начинот на кој одредбите од Законот за ментално здравје биле спроведени од страна на властите кај ранливите пациенти кои биле оставени без правна помош или заштита кога биле примени во психијатриски институции во Романија.
136. Исто така, Судот забележа дека одлуките на домашните власти да го префрлат г-динот Кампеану и да го сместат најпрво во ЦМСЦ и подоцна во ПМБ било главно засновано на тоа која установа била волна да го прими пациентот, наместо на тоа каде тој би добил соодветна медицинска нега и поддршка (види параграфи 12-13 горе). Во врска со ова, Судот не може да го игнорира фактот дека г-динот Кампеану најпрво бил сместен во ЦМСЦ, единица која не била опремена за пациенти со ментални здравствени проблеми, и конечно бил примен во ПМБ и покрај фактот дека таа болница претходно одбила да го прими по основ дека ги немале потребните услови за третирање на ХИВ (види параграф 11 горе).
137. Затоа Судот смета дека префрлањата на г-динот Кампеану од една единица во друга се случиле без никаква соодветна претходна дијагноза и последователна грижа и со целосно занемарување на неговата реална здравствена состојба и неговите најосновни здравствени потреби. Посебно треба да се забележи запоставувањето од страна на властите во пропустот да се обезбеди соодветно лекувањето на пациентот со АРВ, најпрво со тоа што не му било обезбедено лекување за време на неговите први денови во ЦМСЦ и последователно со тоа што додека бил во ПМБ воопшто не успеале да му ги дадат потребните лекови (види параграфи 14 и 115 горе).
Овие заклучоци Судот ги заснова врз поднесоците на ЦПР, што биле поткрепени со медицинската документација обезбедена за домашните судови и заклучоците на експертот што бил повикан да даде мислење за терапевтскиот пристап што бил применет во случајот на г-динот Кампеану (види параграфи 33, 38 и 45 горе), како и врз основа на информациите обезбедени од ЕЦПИ во врска со општите услови во кои лекувањето со АРВ им било обезбедено на децата заразени со ХИВ (види параграф 128 горе), со што тврдењата на ЦПР станале веродостојни. Во контекст на овие елементи, Судот смета дека спротивните тврдењата на Владата не биле убедливи со оглед дека не биле поткрепени од некакви други докази за да бидат докажани вон разумен сомнеж.
138. Исто така, фактите од случајот укажуваат дека со ненадејната промена во однесувањето на пациентот кој станал хиперагресивен и вознемирен, здравствените власти одлучиле да го префрлат во психијатриска институција, имено ПМБ, каде што бил сместен во оддел во кој немало психијатари како дел од персоналот (види параграф 21горе). Како што беше споменато горе, ПМБ немале соодветни услови за лекување на пациенти заразени со ХИВ во тоа време; исто така додека бил во ПМБ, пациентот никогаш не бил прегледан од специјалист за заразни болести.
Единственото лекување што му било обезбедено на г-динот Кампеану вклучувало седативи и витамини, и не бил направен никаков позначаен преглед за да се утврдат причините за менталната состојба на пациентот (види параграфи 16 и 22 горе). Всушност, властите не обезбедиле никакви релевантни медицински документи во кои била евидентирана клиничката состојба на г-динот Кампеану додека бил во ЦМСЦ или ПМБ. На информацијата поврзана со можните причини за смртта на г-динот Кампеану исто така и недостасуваат детали: посмртницата ги споменува ХИВ и пречки во интелектуалниот развој како важни фактори кои довеле до неговата смрт што наводно ја оправдало одлуката на властите да не спроведат задолжителна аутопсија на телото (види параграфи 24 и 25 горе).
139. Судот упатува на заклучоците од лекарскиот извештај издаден од експерт на барање од ЦПР, опишувајќи ја лекарската евиденција за здравствената состојба на г-динот Кампеану како „многу лоша и супстандардна“ (види параграф 45 горе). Според овој извештај, медицинскиот надзор во двете установи бил „незначителен“, додека здравствените власти, соочени со влошената здравствена состојба презеле мерки кои во најмала рака можат да се опишат како палијативни. Експертот понатаму спомнал дека неколку потенцијални причини за смртта, вклучително пневмоцистична пневмонија (што исто така е спомената во извештајот аутопсијата), никогаш не биле испитани или дијагностицирани, а уште помалку лекувани, било во ЦМСЦ или во ПМБ (исто). Извештајот заклучил дека смртта г-динот Кампеану во ПМБ била предизвикана од „значителна лекарска негрижа“ (види параграф 46 горе).
140. Судот во овој контекст повтори дека во оценувањето на доказите изнесени пред него, посебно внимание треба да се посвети на ранливата состојба на г-динот Кампеану (види параграф 7 горе) и фактот дека во текот на целиот негов живот тој бил во рацете на властите, кои заради тоа имале обврска да се грижат за неговото лечење и да дадат објаснувања во врска со таквото лекување (види параграф 131 горе).
Судот забележува најпрво дека изјаснувањата на ЦПР во кои се опишани настаните кои довеле до смртта на г-динот Кампеану се силно поткрепени со постоењето на сериозни пропусти во одлуките на здравствените власти. Таквите пропусти биле опишани во образложението на главниот обвинител во одлуката од 23 август 2005 г. (види параграф 33 горе); во одлуката на првостепениот суд од 3 октомври 2007 г., во која одлучил да го врати случајот за дополнителна истрага (види параграф 38 горе); и во заклучоците на медицинскиот извештај поднесен од ЦПР во врска со случајот.
Второ Владата не обезбеди доволно докази за да фрли сомнеж во врска со точноста на тврдењата поднесени во име на жртвата. Иако признава дека ХИВ може да биде многу сериозна и прогресивна болест, Судот не може да ги игнорира јасните и сложени прекршувања посочувајќи сериозни грешки во процесот на одлучување во врска со обезбедувањето на соодветни лекови и нега за г-динот Кампеану (види параграф 137-138 горе). Владата исто така не успеа да одговори на пропустите во врска со недостатокот на релевантни медицински документи во кои се опишува состојбата на г-динот Кампеану пред неговата смрт и недостатокот на релевантните објаснувања во врска со вистинската причина за неговата смрт.
141. Исто така, ставајќи ја индивидуалната состојба на г-динот Кампеану во општ контекст, Судот забележа дека во релевантното време неколку десетици смртни случаи (осумдесет и еден во 2003 г. и дваесет и осум на почетокот во 2004 г.) веќе биле пријавени за ПМБ; како што се споменува во извештајот на КСТ од 2004 г., биле утврдени сериозни пропусти во релевантното време во однос на храната што им се давала на пациентите, и во однос на недоволното греење и генерално лошите животни случаи, што довело до постепено влошување на здравјето на пациентите, особено оние кои биле најранливи (види параграф 77 горе). Ужасните услови во ПМБ биле пријавени до неколку други меѓународни тела, како што е опишано погоре (види параграф 78); домашните власти затоа биле во целост свесни за многу тешката ситуација во болницата.
И покрај тврдењата на Владата дека животните услови во ПМБ биле адекватни (види параграф 123 горе), Судот забележува дека во релевантното време, домашните власти ги признале пред различните меѓународни тела недостатоците во ПМБ во врска со греењето и водоснабдувањето, животните и санитарните услови и медицинската помош што им била обезбедена (види параграф 78 горе).
142. Судот забележува дека во случајот Ненчева и други (цитиран горе) била утврдено прекршување на обврските на бугарската држава согласно членот 2 затоа што не реагирала доволно брзо за да обезбеди делотворна и доволна заштита на животите на младите луѓе во дом за социјална грижа. Судот го зел во предвид фактот дека смртта на децата не бил ненадеен настан, што се однесува до тоа дека властите веќе биле свесни за ужасните животните услови во домот за социјална грижа и за порастот на стапката на морталитет во месеците пред релевантното време (исто., §§ 121‑123).
143. Судот утврди дека слично на тоа во овој случај одговорот на домашните власти на генерално тешката ситуација во ПМБ во релевантното време бил несоодветен, согледувајќи дека властите биле во целост свесни за фактот дека недостатокот на греење и соодветна исхрана, и недостатокот на медицински персонал и медицински ресурси, вклучително и лекови, довело до зголемување на бројот на смртни случаи во текот на зимата од 2003 г.
Судот смета дека во вакви околности повеќе од евидентно е дека со одлуката да се смести г-динот Кампеану во ПМБ, без разлика на неговото зголемено ниво на ранливост, домашните власти неразумно му го загрозиле животот. Тоа што медицинскиот персонал континуирано не му обезбедувал на г-динот Кампеану соодветна нега и лекување бил уште еден одлучувачки фактор што довел до негова прерана смрт.
144. Претходно разгледаните факти се доволни да му овозможат на Судот да заклучи дека домашните власти не успеале да се придржуваат на суштинските барања од членот 2 од Конвенција, со тоа што не ги обезбедиле бараните стандарди за заштита на животот на г-динот Кампеану.
(β) Процедурален аспект
145. Судот понатаму смета дека властите не успеале не само да одговорат на најосновните медицински потреби додека бил жив, туку исто така и да ги разјаснат околностите на неговата смрт, вклучително и идентификација на оние што биле одговорни.
146. Судот забележува дека неколку процедурални нерегуларности биле издвоени во различни извештаи од страна на домашните власти во тоа време, меѓу кои фактот дека не била направена аутопсија по смртта на г-динот Кампеану, со што биле повредени домашните правни одредби и отсуството на делотворна истрага во врска со терапевтскиот пристап што се применувал во неговиот случај (види параграфи 33, 38 и 40 горе).
Исто така сериозни процедурални недостатоци биле нагласени во пресудата на Окружниот суд на Калафат, вклучително и фактот дека не собрале медицински докази и не дале објаснување за контрадикторните изјави на медицинскиот персонал (види параграф 38 горе). Меѓутоа, со оглед дека таа пресуда не била потврдена од Окружниот суд, никогаш не се обиделе да се справат со забележаните пропусти, а уште помалку да ги решат. Во своето кратко образложение, Окружниот суд се потпирал главно на одлуката на Лекарското здружение и извештајот од судска медицина, кој отфрлил секаква лекарска негрижа во случајот заклучувајќи дека пациентот добил соодветно лекарско лекување.
Судот смета дека овие заклучоци биле необично кратки, со оглед на согледаниот недостаток на медицински информации за документирање на лекувањето што му било обезбедено не г-динот Кампеану (види параграф 45 горе) и со оглед на објективната ситуација во ПМБ во однос на човечките и медицинските ресурси што им биле достапни (види параграфи 77-78 горе).
Судот понатаму го посочува тврдењето на ЦПР дека во случајот со 129-те смртни случаи во ПМБ пријавени меѓу 2002 и 2004 г. кривичните истраги исто така биле прекинати без никој да не биде идентификуван или да преземе граѓанска или кривична одговорност за злоупотреба на службената должност.
147. Со оглед на сите овие елементи, Судот заклучува дека властите не успеале да го подложат случајот на г-динот Кампеану на внимателна проверка која се бара согласно членот 2 од Конвенцијата и со тоа да спроведат делотворна истрага за условите во кои починал.
Соодветно на тоа има повреда на членот 2 од Конвенцијата согласно нејзиниот процедурален опфат.
(б) Членот 13 разгледан во врска со членот 2
(i) Општи принципи
148. Членот 13 од Конвенцијата ја гарантира достапноста на национално ниво на правен лек за примена на суштината на правата и слободите од Конвенцијата во секоја форма што може да биде обезбедена во домашниот правен поредок.
Делувањето на членот 13 е такво што бара обезбедувањето на домашен правен лек да се занимава со суштината на „спорната жалба“ согласно Конвенцијата и да додели соодветна помош, иако на државите потписнички им е дозволено извесно ниво на дискреција во однос на начинот на кој се прилагодуваат на своите обврски што произлегуваат од Конвенцијата согласно оваа одредба.
Опсегот на обврската според членот 13 варира во зависност од природата на жалбата на жалителот во рамките на Конвенцијата. Сепак правниот лек што се бара според членот 13 мора да биде „делотворен“ и во пракса и во правна смисла. Особено неговото уживање не смее да биде неоправдано попречено со пропусти на властите на тужената држава (види Paul and Audrey Edwards v. the United Kingdom, no. 46477/99, §§ 96-97, ECHR 2002‑II).
149. Кога едно право од толкава суштинска важност како правото на живот или забраната на мачење, нечовечно и понижувачко постапување е во прашање, членот 13 бара покрај исплатата на надоместокот кога такво нешто одговара, и темелна и делотворна истрага која може да доведе до идентификација и казна на оние што се одговорни, вклучително и делотворен пристап до жалба на истражната постапка. Кога се работи за наводниот неуспех од страна на властите да ги заштитат лицата од дела на други, членот 13 не може секогаш да бара од властите да преземат обврска да ги истражат наводите. Меѓутоа на жртвата или на семејството на жртвата треба да им биде достапен механизам за утврдување на секаква одговорност на државните службени лица или телата за дејствија или пропусти кои вклучуваат повреда на правата согласно Конвенцијата (види З. и други против Обединетото Кралство [ГСС], цитиран горе, § 109)
Според мислењето на Судот, органот на кој се упатува во член 13 не е неопходно во сите инстанци да биде судски орган во строга смисла на зборот. Сепак, овластувањата и процедуралните гаранции кои ги поседува еден орган се релевантни за утврдување дали правниот лек пред него е делотворен (види Клас и други, цитиран горе, § 67). Судот одлучи дека судските правни лекови обезбедуваат силни гаранции за независноста, пристап за жртвата и семејството, и примена на доделување на надоместок во согласност со барањата на член 13 (види види З. и други против Обединетото Кралство, цитиран горе, § 110).
(ii) Примена на горенаведените принципи во актуелниот случај
150. Како што беше спомнато претходно, членот 13 мора да се толкува како гарантирање на „делотворен правен лек пред националните власти“ за секој што тврди дека неговите или нејзините права согласно Конвенцијата биле повредени. Основниот услов на таквиот правен лек е жртвата да има делотворен пристап до него.
151. Во овој случај Судот веќе има утврдено дека ранливоста на г-динот Кампеану, надополнета со пропустот на властите да го применат постоечкото законодавство и да му обезбедат соодветна правна поддршка, биле фактори кои ја поддржале правната основа за вонредно признавање на locus standi на ЦПР (види параграф 112 горе). Да не биле ЦПР случајот на г-динот Кампеану никогаш немало да го привлече вниманието на властите, било национални или меѓународни.
Меѓутоа Судот забележува дека иницијативите на ЦПР во име на г-динот Кампеану по природа биле повеќе sui generis, отколку што потпаѓале во постоечката правна рамка поврзана со правата на ментално болните лица, со оглед на фактот дека оваа рамка не била соодветна за да одговори на специфичните потреби на таквите лица, имено во врска со практичната можност за тие да имаат пристап до некаков правен лек. Навистина, Судот претходно утврди дека тужената држава ги прекршила членовите 3 или 5 од Конвенцијата на сметка на отсуството на соодветни правни лекови за лицата со хендикеп, вклучително и нивниот ограничен пристап до некакви потенцијални правни лекови од таков вид (види C.B. v. Romania, §§ 65-67; Parascineti, §§ 34-38; и B. v. Romania (no. 2), §97, сите цитирани горе).
152. Врз основа на доказите приложени во овој случај Судот веќе утврди дека тужената држава била одговорна согласно членот 2 за тоа што не го заштитила животот г-динот Кампеану додека бил под заштита на домашните здравствени власти и за тоа што не спровеле делотворна истрага за околностите што довеле до неговата смрт. Владата не упати на некаква друга постапка каде одговорноста на властите би можела да се утврди на независен, јавен и делотворен начин.
Судот понатаму смета дека примерите што се споменати од Владата како индикативни за постоење на соодветни правни лекови согласно членот 13 (види параграф 125 горе) се или недоволни или им недостасува делотворноста, со оглед на нивното ограничено влијание и недостатокот на процедурална заштита што тие ја нудат.
153. Со оглед на гореспоменатите размислувања, Судот смета дека тужената држава не успеала да обезбеди адекватен механизам кој би можел да обезбеди отчетност за лица со ментален хендикеп коишто тврдат дека се жртви согласно членот 2 од Конвенцијата.
Поконкретно, Судот утврди повреда на членот 13 разгледан заедно со членот 2 од Конвенцијата, заради пропустот на државата да обезбеди и да спроведе соодветна правна рамка која ќе можела да обезбеди наводите на г-динот Кампеану за повреда на неговото право на живот да бидат испитани од независен орган.
(в) Членот 3, разгледан издвоено и заедно со член 13 од Конвенцијата
154. Земајќи ги во предвид и параграфите 140 до 147 горе и заклучоците во параграф 153 горе, Судот смета дека не произлегуваат посебни прашања во врска со наводната повреда на членот 3, разгледан издвоено и заедно со членот 13 (види, mutatis mutandis, Nikolova and Velichkova v. Bulgaria, цитиран горе, § 78, и Timus and Tarusv. the Republic of Moldova, no. 70077/11, § 58, 15 October 2013).
II. ДРУГИ НАВОДНИ ПОВРЕДИ НА КОНВЕНЦИЈАТА
155. ЦПР понатаму се изјаснија дека г-динот Кампеану претрпел повреда на неговите права заштитени со членовите 5, 8 и 14 од Конвенцијата.
156. Меѓутоа со оглед на фактите на случајот, изнесеното од странките и неговите наоди согласно членовите 2 и 13 од Конвенцијата, Судот смета дека тој ги разгледал главните правни прашања покренати во актуелната жалба и дека нема потреба да се даде посебна пресуда за останатите жалби (види, меѓу другите извори, Kamil Uzun v. Turkey, no. 37410/97, § 64, 10 May 2007; The Argeş College of Legal Advisers, цитиран горе, § 47; Women On Waves and Others v. Portugal, no. 31276/05, § 47, 3 February 2009; Velcea and Mazăre v. Romania, no. 64301/01, § 138, 1 December 2009; Villa v. Italy, no. 19675/06, § 55, 20 April 2010; Ahmet Yıldırım v. Turkey, no. 3111/10, § 72, ECHR 2012; и Mehmet Hatip Diclev. Turkey, no. 9858/04, § 41, 15 October 2013; види исто така Varnava and Others, цитиран горе, §§ 210-211).
IV. ЧЛЕНОВИТЕ 46 И 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
А. Членот 46 од Конвенцијата
157. Релевантните делови од членот 46 го велат следново:
„1. Високите страни договорнички се обврзуваат да се придржуваат кон конечната пресуда на Судот во споровите во кои се странки.
2. Конечната пресуда на Судот му се доставува на Комитетот на министрите којшто го надгледува нејзиното извршување....“
158. Судот потврдува, најпрво дека согласно членот 46 од Конвенцијата високите страни договорнички имаат преземено обврска да се придржуваат кон конечните пресуди на Судот во секој случај во кој тие се странка, при што извршувањето е под надзор на Комитетот на министри. Следи, меѓу другото, дека пресудата во која Судот ќе утврди повреда на Конвенцијата или Протоколите со што ѝ се наметнува на тужената држава правна обврска не само да им се исплати на засегнатите сумата што им е доделена како правичен надоместок, туку исто така да избере, предмет на надзор од страна на Комитетот на министри, општи и/или, доколку соодветствува, индивидуални мерки кои ќе бидат усвоени во нејзиниот правен поредок за да стави крај на повредата утврдена од Судот и во рамките на можностите да ги обесштети последиците (види Scozzari and Giunta v. Italy [GC], nos. 39221/98 and 41963/98, § 249, ECHR 2000‑VIII, и Stanev, цитиран горе, § 254).
Судот понатаму забележува дека пред сè засегнатата државата треба да избере, предмет на надзор на Комитетот на министри, средства што ќе се користат во нејзиниот домашен правен поредок за извршување на нејзината обврска согласно членот 46 од Конвенција (види Scozzari and Giunta, цитиран горе, и Brumărescu v. Romania (правичен надоместок) [GC], no. 28342/95, § 20, ECHR 2001‑I).
159. Меѓутоа, со цел да ѝ се помогне на тужената држава да ги исполни своите обврски согласно членот 46, Судот може да бара да го посочи видот на индивидуални и/или општи мерки кои можат да се преземат со цел да се стави крај на состојбата што ја утврдил дека постои (види, меѓу многу други извори, Vlad and Others v. Romania, nos. 40756/06, 41508/07 and 50806/07, § 162, 26 November 2013).
160. Во актуелниот случај Судот потсетува дека заради тоа што властите не назначиле правен застапник или друг застапник, никаква форма на застапување не била достапна за заштита на г-динот Кампеану или да се обезбеди негово застапување пред здравствените власти, националните судови и Судот (види параграф 111 горе). Во вонредните околности кои поттикнале да се дозволи ЦПР да дејствуваат во име на г-динот Кампеану (види заклучок во параграф 112 горе) Судот исто така утврди повреда на членот 13 разгледан заедно со членот 2 од Конвенцијата на сметка на пропустот на државата да обезбеди и спроведе соодветна правна рамка која ќе обезбедела жалбите во врска со наводите на господинот Кампеану да бидат разгледани од страна на независен орган (види параграфи 150 до 153 горе; види исто така параграф 154 во врска со жалбите согласно членот 3 разгледан издвоено и заедно со членот 13). Оттука, фактите и околностите во врска со кои Судот утврдил повреда на членовите 2 и 13 откриваат постоење на поширок проблем апелирајќи да се утврдат општи мерки за извршување на неговата пресуда.
161. Во овој контекст Судот препорачува тужената држава да ги предвиди потребните општи мерки за да се обезбеди лицата со ментален хендикеп во ситуација слична на таа на г-динот Кампеану да добијат независно застапување, со што ќе им се овозможи да поднесат жалби согласно Конвенцијата, со цел нивното здравје и лекување да бидат разгледани пред суд или друго независно тело (види, mutatis mutandis, параграф 113 горе и Станев, цитиран горе, § 258).
Б. Членот 41 од Конвенцијата
162. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
1. Штета
163. ЦПР не поднесе никакво барање за материјална или нематеријална отштета.
2. Трошоци и издатоци
164. ЦПР побаруваше 11.455,25 евра за трошоците и издатоците кои настанале пред домашните судови поврзано со истрагите во врска со ПМБ и пред овој суд; Интерајтс, кои се јавуваат како советник кој го советувал ЦПР побаруваше 25.800 евра за трошоци и издатоци кои настанале пред Судскиот совет, а кои кореспондирале на 215 часа работа, и дополнителни 11.455,25 евра за постапките пред Големиот судски совет што кореспондирале на работа од 111 часа. Бил поднесен документ со приказ на овие трошоци по ставки.
165. Владата оспори дека не сите трошоци и издатоци биле документирани и детално образложени на соодветен начин и дека во секој случај биле претерани.
166. Според судската пракса на Судот еден жалител има право на рефундирање на своите трошоци и издатоци само доколку покажел дека истите настанале реално и неопходно и биле разумни во однос на износот. Во актуелниот случај, Судот е задоволен што изборот на ЦПР за учество на Интерајт во постапките на начинот опишано горе бил оправдан (види, на пример, Yaşa v. Turkey, 2 September 1998, § 127, Reports 1998‑VI; и Menteş and Others v. Turkey, 28 November 1997, § 107, Reports 1997‑VIII). Со оглед на документите што ги поседува, за бројни и сложени фактички и правни прашања на кои се осврнува и горенаведените критериуми, Судот смета дека е разумно да им додели 10.000 евра на ЦПР и 25.000 евра на Интерајтс.
3. Казнена камата
167. Судот смета дека е соодветно казнената каматна стапка да се заснова на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Ги прогласува, едногласно, жалбите согласно членовите 2, 3 и 13 од Конвенцијата за допуштени;
2. Одлучи, едногласно, дека имало повреда на членот 2 од Конвенцијата, и од неговиот материјален и од неговиот процедурален аспект;
3. Одлучи едногласно дека имало до повреда на членот 13 разгледан заедно со членот 2 од Конвенцијата;
4. Одлучи, со четиринаесет гласа наспроти три, дека не е неопходно да се испита жалбата согласно членот 3, разгледан издвоено или заедно со членот 13 од Конвенцијата;
5. Одлучи, едногласно, дека не е неопходно да ја испита допуштеноста и основаноста на жалбите согласно членовите 5 и 8 од Конвенцијата;
5. Одлучи, со петнаесет гласа наспроти два, дека не е неопходно да ја испита допуштеноста и основаноста на жалбите согласно членот 14 од Конвенцијата;
7. Одлучи едногласно
(а) дека тужената држава треба да ги плати во рок од три месеци следниве износи за трошоци и издатоци, конвертирани во валутата на тужената држава по стапката што се применува на датумот на исплатата плус секакви давачки кои можеби се применуваат во случајот;
(i) 10.000 евра (десет илјади евра) на ЦПР; и
(ii) 25.000 евра (дваесет и пет илјади евра) на Интерајтс;
(б) од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата ќе се плаќа проста камата на гореспоменатите износи по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка во текот на казнениот период плус три процентни поени;
8. Едногласно ги отфрли останатите побарувања за правичен надоместок.
Изготвена на англиски и француски јазик, и усвоена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 17 јули 2014 г.
Мајкл О’БојлДин Шпилман
Заменик секретарПретседател
Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, кон оваа пресуда се приложени следниве издвоени мислења:
(a) мислење на согласување на судијата Пинто де Албукерки;
(б) мислење на делумно несогласување на судиите Шпилман, Бјанку и Нусбергер.
(в) мислење на делумно несогласување на судиите Зиемеле и Бјанку.
Д.С.
М.О.Б.
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски јазик и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy