ПРВ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ CHOWDURY И ДРУГИ ПРОТИВ ГРЦИЈА
(Жалба бр. 21884/15)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
30 март 2017 година
Пресудата е конечна, но, може да подлежи на редакциски измени.
Документот е преведен со помош на средствата на Хоризонталниот инструмент на Европска Унија и Совет на Европа. Ставовите кои се изразени тука во никој случај не ги одразуваат официјалните
ставови на ЕУ
Во случајот на Chowdury (Чаудури) и други против Грција,
Европскиот суд за човекови права (Прв оддел), заседавајќи во Совет составен од:
Kristina Pardalos (Кристина Пардалос), претседател,
Linos-Alexandre Sicilianos (Линос-Александре Сицилијаност),
Aleš Pejchal (Алеш Пејчал),
Robert Spano (Роберт Спано),
Armen Harutyunyan (Армен Харутијунјан),
Tim Eicke (Тим Еике),
Jovan Ilievski (Јован Илиевски), судии,
и Abel Campos (Авел Кампос), секретар на одделот,
расправајќи на затворена седница на 7 март 2017 година,
ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот започна со жалба (бр. 21884/15) против Република Грција поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и темелните слободи („Конвенцијата“) од страна на четириесет и двајца државјани на Бангладеш („жалители“), чиишто имиња се наведени овде во прилог, на 27 април 2015 година.
2. Жалителите беа застапувани од г. V. Kerasiotis (В. Керасиотис), г. Karavias (Каравиас) и г-а Papamina (Папамина) (членови на Грчкиот совет за бегалци), адвокати со канцеларии во Атина, и г. J. Goldston (Џ. Голдстон) и г. S. Cox (С. Кокс), соодветно директор и адвокат на Иницијативата за правда при Фондацијата „Отворено општество“. Грчката Влада („Владата“) беше застапувана од замениците на нејзиниот агент, г. K. Georghiadis (К. Георгијадис) и г-а K. Nasopoulou (К. Насопулу), советници во Државниот правен совет. Писмени коментари беа добиени од Правниот факултет при Универзитетот во Лунд од Шведска, Меѓународната конфедерација на синдикати, организацијата „Anti-Slavery International“, Центарот AIRE (Советување за правата на поединецот во Европа) и PICUM (Платформа за меѓународна соработка за недокументирани мигранти), при што претседателот им допушти да интервенираат во писмените записници како трети страни (член 36 § 2 од Конвенцијата и правило 44 § 3 (a)) од Деловникот на Судот.
3. Жалителите тврдеа дека нивната работа на полето со јагоди во Манолада, Грција, била рамна на присилна работа и дека нивната состојба претставувала трговија со луѓе (член 4 од Конвенцијата).
4. На 9 септември 2015 година на Владата ѝ беше доставено известувањето за жалбата.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
5. Жалителите, бангладешки мигранти што живеат во Грција без работна дозвола, биле врбувани на различни датуми помеѓу октомври 2012 година и февруари 2013 година во Атина и на други места, за да работат на најголемата фарма за јагоди во регионот, во Манолада, село од две илјади жители во регионалната област Елис, во западниот дел на полуостровот Пелопонез. Во оваа област постојат поголем број на производни единици, од различен обем, специјализирани за интензивно одгледување на јагоди. На извозот отпаѓа 70% од локалното производство, кое покрива 90% од грчкиот пазар. Повеќето работници се нерегуларни мигранти од Пакистан и Бангладеш. Дел се вработени на фармите на неопределено време, а другите, пак, се ангажирани сезонски.
6. Производната единица на која се однесува случајот ја раководеле Т.А. и N.V., работодавачи на жалителите.
Жалителите биле меѓу вкупно 150-те работници поделени во три екипи, од кои секоја била предводена од по еден бангладешки државјанин кој му одговарал на Т.А.
7. На работниците им била ветена плата од 22 евра (ЕУР) за седумчасовна работа и по три евра за секој час прекувремена работа, при што по три евра дневно им биле одбивани за храна. Во стаклениците работеле секој ден од 7 часот наутро до 7 часот навечер, берејќи јагоди под надзор на вооружени стражари вработени од страна на Т.А. Живееле во импровизирани колиби изработени од картон, најлон и бамбус, без тоалети и протечна вода. Според нив, нивните работодавачи ги предупредувале дека платите ќе си ги добијат само доколку продолжат да работат за нив.
8. Во три наврати – кон крајот на февруари 2013 година, кон средината на март 2013 година и 15 април 2013 година – работниците безуспешно штрајкувале, барајќи исплата на заостанатите плати.
На 17 април 2013 година, работодавачите ангажирале други бангладешки мигранти за да работат на полињата. Стравувајќи дека нема да им биде платено, меѓу сто и сто и педесет работници од сезоната 2012-2013 кои работеле на полињата почнале да се придвижуваат кон двајцата работодавачи, кои се наоѓале на самото место, со цел да си ги побараат своите плати. Тогаш, еден од вооружените стражари отворил оган врз работниците, при што сериозно повредил триесетмина од нив, вклучувајќи и дваесет и еден од жалителите (наведени под броевите 4, 6, 7, 8, 9, 14, 15, 19, 20, 21, 22, 23, 24, 25, 26, 28, 29, 33, 38, 39 и 42). Ранетите биле однесени во болница, по што биле испрашувани од полицијата.
9. На 18 и 19 април 2013 година, полицијата ги уапсила N.V. и T.A., заедно со стражарот кој ги испукал истрелите и уште еден вооружен надзорник. За време на прелиминарната истрага од страна на локалната полиција, извесен број други лица од Бангладеш, вклучувајќи и некои кои работеле за осомничените, служеле како преведувачи.
10. На 19 април 2013 година, јавниот обвинител на Амалијада ги обвинил четворицата осомничени за обид за убиство и други кривични дела, како и, постапувајќи по барањето од обвинителот на Касациониот суд, за трговија со луѓе согласно член 323A од Кривичниот законик. Обвинението за обид за убиство подоцна било преквалификувано во тешка телесна повреда.
11. На 22 април 2013 година, јавниот обвинител на Амалијада прифатил дека триесет и петмина работници – вклучувајќи ги и четирите предводници на екипите –, од кои сите биле повредени за време на инцидентот, биле жртви на трговија со луѓе, со што станале законски жители согласно оддел 12 од Законот бр. 3064/2002 (за сузбивање на трговијата со луѓе, кривичните дела против сексуалната слобода, детската порнографија и, воопшто, сексуалната експлоатација).
12. На 8 мај 2013 година, сто и дваесет други работници, вклучувајќи и дваесет и еден од жалителите кои не биле повредени (наведени под броевите 1, 2, 3, 5, 10, 11, 12, 13, 16, 17, 18, 27, 30, 31, 32, 34, 35, 36, 37, 40 и 41) поднеле барање до јавниот обвинител на Амалијада да се поднесат обвиненија и за нив против четворицата обвинети за трговија со луѓе, обид за убиство и напад. Тие тврделе дека биле вработени на фармата што ја раководеле T.A. и N.V. каде што имало појава на трговија со луѓе и присилна работа и дека биле дел од групата врз која се пукало. Повикувајќи се на Дополнителниот протокол кон Конвенцијата на Обединетите Нации против прекуграничниот организиран криминал, познат како „Протоколот од Палермо“, од декември 2000 година („за спречување, сузбивање и казнување на трговијата со луѓе“), тие побарале од јавниот обвинител да поднесе обвинение согласно член 323A од Кривичниот законик против нивните работодавачи, обвинувајќи ги дека го експлоатирале нивниот труд. Тие понатаму тврделе дека на 17 април 2013 година и тие биле присутни на местото на инцидентот и дека отишле таму за да си ги бараат заостанатите плати, што довело до тоа и тие да станат жртви на кривичните дела сторени против другите триесет и петмина жалители.
13. Полицијата го испрашувала секој од погоре споменатите дваесет и еден жалител, кои потпишале белешки со своите искази, што биле дадени под заклетва и биле придружени со нивните фотографии, а овие искази биле проследени до јавниот обвинител.
14. Со одлука 26/2014 од 4 август 2014 година, јавниот обвинител на Амалијада ја одбил жалбата на сто и дваесеттемина работници. Тој нагласил дека овие работници биле побарани со цел да посведочат за време на прелиминарната истрага и дека само на сто и двајца од нив им било влезено во трага и со нив бил воден разговор (вклучувајќи го и дваесет и едниот жалител наведени во став 12 погоре). Тој забележал дека од нивните искази и од другите материјали во предметот произлегува дека нивните наводи не соодветствуваат на стварноста. Тој објаснил дека ако тие навистина биле жртви на кривичните дела од жалбените наводи, тие веднаш ќе пошле во полиција на 17 април 2013 година, како што направиле другите триесет и петмина работници, а немало да чекаат до 8 мај 2013 година. Според него, тврдењето дека жалителите биле исплашени и дека ги напуштиле колибите не било веродостојно бидејќи се наоѓале близу местото на инцидент и, кога пристигнала полицијата, тие можеле да се вратат за да ги обзнанат своите жалбени наводи. Тој понатаму забележал дека само четворица од сто и двајцата жалители со кои бил воден разговор изјавиле дека биле повредени и дека, за разлика од триесет и петтемина работници споменати погоре, ниту еден од тие четворица работници не пошол во болница. Конечно, тој напоменал дека сите жалители изјавиле дека дале искази во полицијата откако дознале дека ќе добијат дозвола за престој како жртви на трговија со луѓе.
15. На 28 јануари 2015 година, јавниот обвинител во Апелациониот суд во Патра ја одбил жалбата на сто и дваесеттемина работници против одлуката бр. 26/2014 врз основа на тоа што материјалот во предметот не ги поткрепувал нивните наводи и што се обиделе да се прикажат себеси како жртви на трговија со луѓе со цел да добијат дозвола за престој (одлука бр. 3/2015).
16. Обвинетите биле изведени пред Поротниот суд во Патра. Само N.V. бил обвинет за сторување кривично дело трговија со луѓе. Тројцата други обвинетите, имено Т.А. и двајцата вооружени надзорници, биле обвинети за помагање и поттикнување на тоа кривично дело. Судската расправа започнала на 6 јуни 2014 година и завршила на 30 јули 2014 година. Триесет и петтемина работници споменати погоре се приклучиле во постапката како граѓански странки, и биле застапувани од нивните адвокати V. Kerasiotis и M. Karabeïdis, чиишто хонорари ги платиле Грчкиот совет за бегалци и Грчката лига за човекови права.
17. Во својот устен навод јавниот обвинител истакнал дека жалителите коишто биле повредени во инцидентот живееле и работеле во Грција без дозвола, на милост на мрежите кои експлоатирале луѓе и во услови што им овозможувале да се окарактеризираат како жртви на трговија со луѓе. Според него, во овој случај се препознаваат и материјалниот елемент и волевиот елемент на кривичното дело.
18. Јавниот обвинител понатаму нагласил дека експлоатацијата во трудов контекст е составен дел на поимот за експлоатација предвиден со инструментите на европското и друго меѓународно право како средство за извршување на кривичното дело трговија со луѓе. Тој посочил дека со член 4 од Конвенцијата и со член 22 од грчкиот Устав се забранува присилна или принудна работа. Тој објаснил дека поимот на експлоатација преку работа ги вклучува сите дејствија кои претставуваат кршење на законот за работни односи, како што се одредбите за работни часови, работни услови и работно осигурување. Според него, таквиот облик на експлоатација постои и кога се врши работа во полза на самиот сторител.
19. Упатувајќи на фактите во случајот, јавниот обвинител објаснил дека работодавачот N.V. не ги имал исплатено работниците шест месеци, дека им платил само мал износ за храна, што го одбивал од нивните плати, и им ветил дека остатокот ќе им го исплати подоцна. Тој го напоменал следново: -дека обвинетите биле бескрупулозни и се наметнувале себеси по пат на закани и носење оружје; дека работниците напорно работеле во екстремни физички услови, морале да работат продолжено работно време, и постојано биле понижувани; на 17 април 2013 година N.V. ги известил работниците дека немал да им плати и дека ќе ги убиел, со помош на со-обвинетите, доколку не продолжеле да работат за него; бидејќи работниците не попуштиле пред заканите, тој им рекол да си заминат и дека ќе си ангажира друга екипа на нивно место, и дека ќе им ги запали колибите доколку одбивале да си заминат. Тој на крај забележал дека, кога ги ангажирал, N.V. им ветил на жалителите импровизирани засолништа и дневница од 22 ЕУР – што, според него, било единственото решение за жртвите да си обезбедат средства за издржување – и дека N.V. на тој начин успеал, во тој момент, да добие нивна согласност за да може последователно да ги експлоатира.
20. Јавниот обвинител тврдел дека инцидентот од 17 април 2013 година бил илустрација за состојбата со прекумерната експлоатација и варварскиот однос во кој големите земјопоседници од регионот ги потчиниле мигрантските работници. Тој бил на мислење дека инцидентот претставувал варварска и вооружена агресија на грчките работодавачите врз мигрантите, давајќи слика на „јужњачка трговија со робови“, на која не ѝ било место во Грција.
21. На судската расправа, еден од сведоците, службеник од полициската станица во Амалијада, изјавил дека еден или два дена пред инцидентот од 17 април 2013 година, некои работници дошле во полициската станица за да се пожалат дека нивните работодавачи одбивале да им ги исплатат платите и дека еден од неговите колеги потоа остварил телефонски разговор со N.V. на оваа тема.
22. Со пресуда од 30 јули 2014 година, Поротниот суд ги ослободил од обвинение четворицата обвинети за трговија со луѓе, врз основа на тоа што во случајот не бил препознаен материјалниот елемент од кривичното дело. Судот ги осудил еден од вооружените стражари и Т.А. за нанесување на тешка телесна повреда и незаконска употреба на огнено оружје, при тоа одредувајќи им казна затвор во времетраење од четиринаесет години и седум месеци и од осум години и седум месеци. Што се однесува до надзорникот кој бил одговорен за истрелите, судот бил на мислење дека истиот немал намера да ги убие оние што биле нападнати во инцидентот и дека се обидувал да ги натера да отстапат за да не се приближат до ново-ангажираните работници. Што се однесува до N.V., судот го ослободил од обвинението врз основа на тоа што не се утврдило дали тој бил еден од работодавачите на работниците (па според тоа, и дали бил обврзан да им исплаќа плати) или дали бил вмешан како заговарач на вооружениот напад врз нив. Поротниот суд ја преиначил нивната затворска казна во парична казна во износ од 5 евра за еден ден затвор. Судот исто така им наредил на двајцата осудени мажи да им исплатат сума од 1.500 ЕУР на триесет и петте работници кои биле признаени како жртви (околу 43 ЕУР по човек).
23. Поротниот суд забележал дека условите за вработување на работниците предвидувале дека ќе добиваат: 22 ЕУР за седум часа работа и 3 ЕУР за секој дополнителен час; храна, за којашто трошокот ќе се одбивал од нивните плати; и материјали за изградба на електрифицирани колиби непосредно до насадите, на трошок на нивните работодавачи, со цел да ги задоволат основните потреби за сместување – при тоа допуштајќи им ја и можноста да живеат на друго место во регионот. Судот забележал дека за овие услови им било кажано на работниците преку нивните сонародници коишто биле предводници на екипите.
24. Па така, Поротниот суд напоменал дека работниците биле известени за нивните услови за вработување и дека ги прифатиле откако ги оцениле како задоволителни. Што се однесува до износот на платите, судот констатирал дека станува збор за вообичаен износ што го плаќале и другите производители во регионот и дека работниците не биле обврзани да го прифатат. Според судот, информациите што им биле дадени на работниците, од страна на нивните предводници на екипите и нивните сонародници кои работеле за други работодавачи, за сигурната исплата на платите, биле главниот фактор што го избрале Т.А. за работодавач. Поротниот суд понатаму забележал дека до крајот на февруари 2013 година, работниците не поднеле ниту една жалба против својот работодавач, било за неговото однесување било за исплата на платите, и дека почнале да се жалат дури кон крајот на февруари или почетокот на март 2013 година за доцнењето со плаќањето.
25. Згора на тоа, Поротниот суд ги одбил наводите на работниците дека не добиле ниту една плата, и дека биле потчинети во однос на заканување и застрашување од страна на обвинетите, за времетраење на нивната работа, а врз следниве основи: таквите наводи биле за прв пат искажани за време на судската расправа, а не и во фазата на прелиминарниот распит или истрагата; некои дејствија на застрашување довеле до тоа жалителите да го напуштат своето работно место; описот на овие дејствија бил особено непрецизен и нејасен. Поротниот суд исто така забележал дека од сведочењето на работниците произлегува дека, во своето слободно време, тие можеле слободно да се движат низ регионот, да пазаруваат во продавниците со кои имале договор, да играат крикет и да земат учество во здружението што го основале нивните сонародници. Судот додал дека не се докажало дека Т.А., со помош на измама и по пат на лажни ветувања, ги принудил работниците да се согласат да работат за него, при тоа искористувајќи ја нивната состојба на ранливост, а особено бидејќи констатирал дека тие и не се наоѓале во таква состојба.
26. Поротниот суд бил на мислење дека исто така се покажало дека врската помеѓу работниците и нивните работодавачи била уредена со обврзувачки работен однос чии што услови немале за цел да ги фатат работниците во стапица или да доведат до надмоќ на работодавачите врз нив. По таа точка, судот објаснил дека условите не ги довеле жалителите да живеат во состојба на изолација од надворешниот свет, без каква и да е можност да го напуштат овој однос и да најдат друга работа. Судот понатаму забележал дека работниците биле во положба да преговараат за условите на вработувањето во моментот на нивното вработување и дека нивното незаконско присуство во Грција не било искористено од страна на нивните работодавачи како средство за принуда за да ги присилат да продолжат со работа.
27. Поротниот суд посочил дека, за да постои поимот на ранливост, жртвата морала да биде во состојба на осиромашеност, таква што одбивањето да се потчини на сторителот би делувало апсурдно; поинаку кажано, жртвата морала да биде во состојба на апсолутна слабост, што би ѝ оневозможило да се заштити себеси. Судот додал дека жртвата би била експлоатирана, како последица на својата ранливост, доколку безусловно му се потчинила на сторителот, и била отсечена од надворешниот свет, што според судот не било случај овде, бидејќи: (а) врската помеѓу работниците и нивните работодавачи била уредена со обврзувачки работен однос, и (б) неговите услови немале за цел да ги фатат работниците во стапица или да доведат до надмоќ на работодавачите врз нив, така што работниците би биле отсечени од надворешниот свет и би им било оневозможно да се повлечат од работниот однос и да најдат друга работа. Поротниот суд понатаму напоменал дека повеќето работници изјавиле дека тие ќе продолжеле да работат за своите работодавачи доколку им биле платени нивните плати.
28. Конечно, што се однесува до наводот на работниците дека добивале закани по живот од обвинетите – навод којшто судот не го прифатил –, Поротниот суд бил на мислење дека, да бил вистинит исказот, работниците ќе го напуштеле своето работно место без колебање. Фактот дека се плашеле за својот живот ќе преовладеел над кое било друго размислување (како што е: барање на заостанатите плати; потребата да се заработи за живеачка, која наводно не можела да се задоволи со оглед на објективната неможност да се пронајде друга работа; како и сите други аргументи коишто работниците ги изнеле за да го оправдаат фактот што продолжиле да работат).
29. На 30 јули 2014 година, осудените вложиле жалба против пресудата на Поротниот суд. Жалбата, којашто е сè уште во постапка пред истиот суд, го одлага извршувањето на казната.
30. На 21 октомври 2014 година адвокатите на работниците поднеле барање до јавниот обвинител во Касациониот суд со молба да вложи жалба против пресудата на Поротниот суд. Во своето барање, тие тврделе дека Поротниот суд не го испитал соодветно обвинението за трговија со луѓе. Тие биле на мислење дека, со цел да се одреди дали тој суд соодветно го применил членот 323A од Кривичниот законик, било неопходно да се испита дали обвинетите искористиле некоја ранливост на странските државјани за да ги експлоатираат.
31. На 27 октомври 2014 година обвинителот одбил да вложи жалба. Тој како причина за својата одлука само навел дека не биле исполнети законските услови за вложување жалба согласно законот. Како последица на оваа одлука, делот од пресудата од 30 јули 2014 година кој се однесува на трговијата со луѓе станал „неотповиклив“ (αμετάκλητη).
II. ПРИМЕНЛИВО ДОМАШНО ПРАВО
32. Член 22 § 3 од Уставот гласи:
„Се забранува секој облик на принудна работа.“
33. Член 323 (трговија со робови) од Кривичниот законик и член 323A (трговија со луѓе) од истиот Законик, изменети со Закон бр. 3064/2002 (за изменување на Кривичниот законик по прашања од трговија со луѓе, порнографија, поттикнување на малолетник на неморалност, помагање во или ползување од проституција, помагање на жртвите) вели:
Член 323
„1. Секој што се занимава со тргување на робови ќе биде казнет со казна затвор.
2. Трговијата со робови го подразбира секое дејствие на фаќање, присвојување и располагање со лице со цел да стане роб, секое дејствие на стекнување на роб заради негова препродажба или размена, секое дејствие на доделување на веќе стекнат роб по пат на продажба или размена и, воопшто, секое дејствие на тргување или превезување на робови.
...“
Член 323A
„1. Секој што по пат на употреба на сила или закана со сила, или кое било друго средство на принуда или злоупотреба на овластување или моќ или грабнување, врбува, превезува, внесува во земјата, затвора, засолнување, испорачува – со или без надоместок – или прибавува од трета страна, кое било лице со цел да земе клетки, ткива или органи од тоа лице, или да ја експлоатира работата или питачењето на тоа лице, без оглед дали тоа го прави за лична полза или во име на друг, ќе се казни со казна затвор до десет години и глоба во износ помеѓу 10.000 ЕУР и 50.000. ЕУР.
2. Погоре споменатата казна ќе се изрече и на сторителот кој, делувајќи со иста намера, ќе добие согласност од кое било лице или ќе го привлече лицето со преправање, искористувајќи ја ранливоста на лицето, по пат на ветување, подароци, износи на пари или други придобивки.
3. Секој што, при целосно сознание на фактите, ќе ја прифати работата што ја вршат лица што биле потчинети на условите опишани во став 1 и 2 погоре, ќе се казни со казна затвор од најмалку шест месеци.
4. Секој што ќе го изврши кривичното дело предвидено со претходните ставови ќе се казни со казна затвор од најмалку десет години и парична казна во износ помеѓу 50.000 ЕУР и 100.000 ЕУР тогаш кога делото:
...
(б) било извршено како професија;
...
(г) како последица довело до особено сериозно оштетување на здравјето на жртвата или го изложило животот на жртвата на сериозна опасност.“
34. Во својата пресуда бр. 673/2011 Касациониот суд истакнал дека, што се однесува до трговијата со луѓе (член 323A од Кривичниот законик), елементот на физичка надмоќ врз жртвата од страна на сторителот на кривичното дело се разликувал и квантитативно и квалитативно, во смисла на суштината и времетраењето, од трговијата со робови (член 323 од Кривичниот законик), бидејќи за тоа не била потребна ниту целосна потчинетост на жртвата ниту постојана и непрекината надмоќ врз неа од страна на сторителот. Касациониот суд одлучил дека дејствијата на незаконско насилство, закани, уцени и присилно затворање претставувале средства за извршување на кривичното дело трговијата со луѓе, и дека начелото според кое таквите дејствија се подведуваат под тоа кривично дело преовладуваат над начелото на стек на кривичните дела. Што се однесува до волевиот елемент на кривичното дело, Касациониот суд одлучил дека сторителот мора да делувал со зла намера. Судот изјавил дека постоењето на таквата намера потекнува од сознанието и волјата на сторителот да врбува, превезе, одземе, помогне или противзаконски да затвори лице по пат на употреба на сила или закана, а заради експлоатирање на работата на тоа лицето. Според него, таквата експлоатација постои кога жртвата ја врши својата работа или директно во полза на сторителот на кривичното дело или во полза на трети страни коишто би му надоместиле на сторителот, а непромисленоста не е достаточна.
35. Кривичниот законик не содржи специфични одредби за присилна работа. Член 323A бил вметнат во Законикот со Закон бр. 3064/2002 (казнување на трговија со луѓе, кривични дела против сексуалната слобода, детска порнографија и, воопшто, сексуална експлоатација) со којшто била транспонирана Рамковната одлука бр. 2002/629/ПВР на Советот на Европската Унија од 19 јули 2002 година за сузбивање на трговијата со луѓе. Овој инструмент беше заменет со Директивата 2011/36 на Европскиот Парламент и на Советот на Европската Унија од 5 април 2011 година за спречување и сузбивање на трговијата со луѓе и заштита на нејзините жртви, што во Грција било транспонирано со Закон бр. 4198/2013 од 11 октомври 2013 година.
36. Со Одделот 4 од Законот бр. 4198/2013 се измениле некои членови од Законикот за кривична постапка и се додал членот 226Б (сведоци – жртви на трговијата со луѓе и на кривичното дело помагање и ползување од проституцијата), од кој меродавниот дел гласи:
„1. Кога со жртвата на дејствијата наведени во член 323A ... од Кривичниот законик се води разговор како со сведок, како вештак ќе се назначи психолог или психијатар...
2. Психологот или психијатарот ќе ја подготват жртвата за разговор, во соработка со истражителите и судиите. За таа цел тој ќе употреби соодветни дијагностички методи, ќе даде мислење за когнитивните способности и психичката состојба на жртвата, и ќе сочини пишано согледување во извештај што ќе стане составен дел на предметот. ...
3. Исказот на жртвата ќе се забележи написмено и ќе се сними електронски кога тоа е можно. ...
4. Писмениот исказ на жртвата ќе се прочита за време на јавната расправа.
...“
37. Пред овој случај, Грција веќе ја била ратификувала Женевската конвенција за потиснување на трговијата со робови и ропство од 25 септември 1926 година, Конвенцијата бр. 29 од Меѓународната организација на трудот (МОТ) од 28 јуни 1930 за присилна работа („Конвенција на МОТ бр. 29“), заедно со Дополнителната конвенција за укинување на ропството од 30 април 1956 година и „Протоколот од Палермо“ од декември 2000 година. Што се однесува до Конвенцијата на Советот на Европа за дејствување против трговијата со луѓе од 16 мај 2005 година, Грција ја потпишала на 17 ноември 2005 година и ја ратификувала на 11 април 2014 година. Конвенцијата влегла во сила на 1 август 2014 година.
III. ПРИМЕНЛИВО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО
Судот упатува на ставовите 49 до 51 од сопствената пресуда во Siliadin v. France (no. 73316/01, ECHR 2005-VII) и на ставовите 137 до 174 од пресудата во Rantsev v. Cyprus and Russia (no. 25965/04, ECHR 2010), кои ги утврдуваат меродавните одредби од меѓународните конвенции кои се однесуваат на присилна работа, ропска зависност, ропство и трговија со луѓе (Женевска конвенција за ропство од 25 септември 1926 година; Конвенција на МОТ бр. 29; Конвенција за потиснување на трговијата со луѓе и експлоатацијата на проституцијата, 2 декември 1949 година; Дополнителна конвенција за укинување на ропството, 30 април 1956 година; Конвенцијата на МОТ за присилна работа (Конвенција бр. 105) од 1957 година; „Протоколот од Палермо“ од декември 2000 година; Конвенција на Советот на Европа за дејствување против трговијата со луѓе, 16 мај 2005 година, и меродавните извадоци од работата на Советот на Европа на ова поле (Препораки од Парламентарното собрание бр. 1523 од 26 јуни 2001 година и бр. 1623 од 22 јуни 2004 година); Појаснителниот извештај за Конвенцијата против трговијата со луѓе).
А. Меѓународната организација на трудот
38. Член 2 § 1 од Конвенцијата на МОТ бр. 29 гласи:
„...терминот присилна или принудна работа значи секоја работа или услуга која се изнудува од некое лице под закана од каква било казна и за којашто наведеното лице не се понудило доброволно“.
39. Исто така значајни се и следните извадоци од последователниот Глобален извештај кон Декларацијата на МОТ за темелните начела и права при работа, наречен „Цената на принудата“, усвоен на Меѓународната конференција на трудот во 2009 година:
„24. Дефиницијата на МОТ за присилна работа содржи два основни елементи: работа или услуга, која се изнудува под закана од казна и која не се извршува доброволно. Работата на надзорните тела на МОТ послужи за појаснување и на двата овие елементи. Казната не мора нужно да биде во облик на казнени санкции, туку може исто така да поприми облик на губење на права и повластици. Згора на тоа, заканата од казна може да поприми голем број различни облици. Убедливо, нејзиниот најекстремен облик подразбира физичко насилство или ограничување, па дури и смртна закана упатена до жртвата или нејзините роднини. Може да постојат и посуптилни облици на закана, кои понекогаш се од психолошка природа. Состојбите кои ги испита МОТ опфаќаат закани за пријава (поткажување) на жртвата во полицијата или на имиграциските органи кога работниот статус ѝ е незаконит, или поткажување кај селските старешини во случај кога девојките се присилени да се проституираат во далечните градови. Други казни може да бидат од финансиска природа, вклучувајќи економски казни поврзани со долгови. Работодавачите, исто така, понекогаш им бараат на работниците да им ги предадат личните исправи и може да ја искористат заканата од одземање на овие исправи со цел да изнудат присилна работа.
25. Што се однесува до ‚доброволното нудење’, надзорните тела на МОТ имаат засегнато низа аспекти, меѓу кои: обликот и предметот на согласноста; улогата на надворешните ограничувања или посредната принуда; и можноста за повлекување на доброволно дадената согласност. Тука, исто така, може да постојат многу суптилни облици на принуда. Многу жртви првично влегуваат во состојби на присилна работа по сопствен избор, иако по пат на измама или прелага, за подоцна да откријат дека немаат слобода да се повлечат од работата поради законска, физичка или психолошка принуда. Првичната согласност може да се смета за неважна кога е добиена по пат на прелага или измама„.
Б. Обединетите Нации
40. Член 3 (а) од Протоколот за спречување, потиснување и казнување на трговијата со луѓе, особено со жени и деца („Протоколот од Палермо“), дополнувајќи ја Конвенцијата на Обединетите Нации против транснационалниот организиран криминал, гласи:
„За потребите на овој Протокол:
(а) ‚Трговијата со луѓе’ означува врбување, превезување, пренесување, засолнување и прифаќање лица, по пат на закана од сила или употреба на сила или други облици на принуда, на грабнување, на измама, на прелага, на злоупотреба на положбата на моќ или на положбата на ранливост или на давање или примање исплати или други придобивки за да се добие согласност од лице кое има контрола врз друго лице, заради експлоатација. Експлоатацијата опфаќа, во најмала мера, експлоатација на проституцијата на други лица или други облици на сексуална експлоатација, присилна работа или услуга, ропство или практики слични на ропството, ропска зависност или земање на органи.“
В. Советот на Европа
Меродавните одредби од Конвенцијата на Советот на Европа за дејствување против трговијата со луѓе („Конвенција на Советот на Европа против трговијата со луѓе“) гласат:
Член 4 – Дефиниции
„За потребите на оваа Конвенција:
а. ‚Трговија со луѓе’ означува врбување, превезување, пренесување, засолнување и прифаќање на лица, по пат на закана со сила или употреба на сила или други облици на принуда, на грабнување, на измама, на прелага, на злоупотреба на положбата на моќ или на положбата на ранливост или на давање или примање исплати или придобивки за да се добие согласност од лице кое има контрола врз друго лице, заради експлоатација. Експлоатацијата опфаќа, во најмала мера, експлоатација на проституцијата на други лица или други облици на сексуална експлоатација, присилна работа или услуга, ропство или практики слични на ропството, ропска зависност или земање на органи;
б. Согласноста на жртвата на ‚трговија со луѓе’ со намерата за експлоатација од точка (а) од овој член, е неважна при употреба на кое било од средствата од точка (а);
в. Врбувањето, превезувањето, пренесувањето, засолнување или прифаќањето на дете заради експлоатација се смета како „трговија со луѓе“, дури и кога не вклучува употреба на ниедно од средствата од точка (а) од овој член;
г. ‚Дете’ означува секое лице на возраст под осумнаесет години;
д. ‚Жртва’ означува секое физичко лице кое е предмет на трговија со луѓе како што е пропишано со овој член.“
Член 5 – Спречување на трговијата со луѓе
„1. Секоја Страна презема мерки за воспоставување и јакнење на националната координација помеѓу разните тела надлежни за спречување и сузбивање на трговијата со луѓе.
2. Секоја Страна утврдува и/или зајакнува делотворни политики и програми за спречување на трговијата со луѓе, по пат на: истражување, информативни кампањи, кампањи за подигање на свеста и образовни кампањи, општествени и економски иницијативи и програми за обука, а особено за лицата подложни на трговија со луѓе, како и за професионалците кои се засегнати од трговијата со луѓе.
...“
Член 10 – Идентификација на жртвите
„2. Секоја Страна усвојува такви законски и други мерки потребни за соодветно идентификување на жртвите во соработка со другите Страни и со меродавните организации за поддршка. Секоја Страна гарантира дека, во случај кога надлежните органи имаат разумни основи да веруваат дека некое лице станало жртва на трговија со луѓе, лицето нема да го отстранат од својата територија до завршувањето од страна на надлежните органи на постапката за идентификација како жртва на кривичното дело предвидено во член 18 од оваа Конвенција, и исто така гарантира дека тоа лице ќе ја добие помошта предвидена во член 12, став 1 и 2.“
Член 13 – Периодот на закрепнување и одлучување
„1. Секоја Страна, во своето домашно право, предвидува период на закрепнување и одлучување од најмалку 30 дена, кога постојат разумни основи да се верува дека засегнатото лице е жртва. Овој период е доволен за засегнатото лице да закрепне и да се оттргне од влијанието на трговците со луѓе и/или да донесе информирана одлука за соработка со надлежните органи. Во текот на тој период, не може да се спроведе никаков налог за негово или нејзино протерување. Оваа одредба не може да влијае врз активностите кои се преземаат од надлежните органи во сите фази на меродавните национални постапки, а особено во текот на истрагата и гонењето на засегнатите кривични дела. Во текот на тој период, Страните дозволуваат престој на засегнатите лица на својата територија.
2. Во текот на тој период, лицата од став 1 од овој член имаат право да ги користат мерките предвидени во член 12, став 1 и 2.
3. Страните не се обврзани да го почитуваат овој период доколку прашања од јавниот ред го оневозможуваат тоа или доколку се открие дека статусот на жртва се бара непрописно.“
Член 15 – Обесштетување и правно задоволување
„Секоја Страна им гарантира на жртвите, уште при нивниот прв контакт со надлежните органи, пристап до информации за меродавните судски и управни постапки на јазик којшто можат да го разберат.
2. Секоја Страна, во своето домашно право, предвидува право на правна поддршка и на бесплатна правна помош за жртвите, под условите предвидени во домашното право.
3. Секоја Страна, во своето домашно право, предвидува право на обесштетување на жртвите од страна на сторителите.
4. Секоја Страна усвојува законски или други потребни мерки со кои се гарантира обесштетување на жртвите, во согласност со условите предвидени во домашното право, на пример, преку основање на фонд за обесштетување на жртвите или мерки или програми насочени кон социјална помош и општествена интеграција на жртвите, кои би можеле да се финансираат од средствата што произлегуваат од примената на мерките предвидени во член 23.“
41. Меродавните извадоци од погоре споменатиот Појаснителен извештај во прилог на Конвенцијата гласат:
„74. Во дефиницијата, трговијата со луѓе се состои од комбинација на три основни компоненти, од кои секоја може да се пронајде во списокот даден во дефиницијата:
– дејствието: ‚врбување, превезување, пренесување, засолнување и прифаќање на лица’;
– по пат на: ‚закана со сила или употреба на сила или други облици на присила, на грабнување, на измама, на прелага, на злоупотреба на положбата на моќ или на положбата на ранливост или на давање или примање на исплати или други придобивки за да се добие согласност од лице кое има контрола врз друго лице’;
– заради експлоатација, која опфаќа, ‚во најмала мера, експлоатација на проституцијата на други лица или други облици на сексуална експлоатација, присилна работа или услуга, ропство или практики слични на ропството, ропска зависност или земање на органи’.
75. Трговијата со луѓе претставува комбинација на овие составни елементи, а не секој составен елемент земен поединечно. ...
76. За да постои трговија со луѓе, составните елементи на секоја од трите категории (дејствие, средство, цел) мора да се присутни заедно. ...
77. Така што, трговијата со луѓе означува нешто многу повеќе одошто обично организирано преместување на луѓе заради заработка. Клучни дополнителни фактори кои ја прават трговијата со луѓе различна од криумчарење на мигранти се: употребата на едно од наведените средства (сила, прелага, злоупотреба на состојба на ранливост итн.) за време на целата постапката или во некоја нејзина фаза, како и употреба на тоа средство заради експлоатација.
...
81. Во средствата спаѓаат заканата со сила или употреба на сила или други облици на присила, грабнување, измама, прелага, злоупотреба на положбата на моќ или на положбата на ранливост, и давање или примање на исплати или други придобивки за да се добие согласност од лице кое има контрола врз друго лице.
82. Трговците со луѓе често се служат со измама или прелага, како кога жртвите се наведуваат да веруваат дека ги чека атрактивна работа, а не намера за експлоатација.
83. Под злоупотреба на положбата на ранливост се подразбира злоупотреба на каква било состојба во која засегнатото лице нема реална и прифатлива алтернатива освен да се потчини на злоупотребата. Ранливоста може да биде од секаков вид, било физичка, психолошка, емотивна, семејна, социјална или економска. Состојба може, на пример, да подразбира неизвесност или незаконитост на административниот статус на жртвата, економска зависност или лошо здравје. Накратко, состојбата може да биде било некоја неволја заради која човекот е принуден да прифати да биде експлоатиран. Лицата кои ја злоупотребуваат таквата ситуација отворено ги кршат човековите права и ги повредуваат човечкото достоинство и интегритет, нешто од што никој не може полноважно да се одрекне.
...
85. Целта мора да биде експлоатација на поединецот. Конвенцијата предвидува дека: ‚Експлоатацијата опфаќа, во најмала мера, експлоатација на проституцијата на други лица или други облици на сексуална експлоатација, присилна работа или услуга, ропство или практики слични на ропството, ропска зависност или земање на органи’. Националното законодавство може да се насочи на други облици на експлоатација, но мора во најмала мера да ги опфати видовите на експлоатација наведени како составни елементи на трговијата со луѓе.
86. Облиците на експлоатација прецизирани во дефиницијата ја опфаќаат сексуалната експлоатација, трудовата експлоатација и земањето на органи, затоа што криминалните активности забрзано стануваат поразновидни со цел да обезбедат луѓе за експлоатација во кој било сектор каде што ќе се појави побарувачка.
...
89. Исто така, Конвенцијата не ја дефинира ниту „присилната работа“. Сепак, постојат неколку меродавни меѓународни инструменти, како што се Универзалната декларација за човекови права (член 4), Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (член 8), Конвенцијата на МОТ за присилна или принудна работа од 1930 година (Конвенција бр. 29), и Конвенцијата на МОТ за укинувањето на присилна работа од 1957 година (Конвенција бр. 105).
90. Член 4 од ЕKЧП забранува присилна работа без да го дефинира поимот. Авторите на ЕКЧП ја искористија како модел Конвенцијата на МОТ за присилна или принудна работа (бр. 29) од 29 јуни 1930 година, која ја опишува за присилна или принудна‚ секоја работа или услуга на која се принудува кое било лице под закана од каква било казна и за која работа засегнатото лице не се понудило себеси доброволно’. Во случајот Van der Müssele v. Belgium (пресуда од 23 ноември 1983 година, серија А, бр. 70, став 37) Судот одлучил дека треба да се додаде ‚релативна тежина’ на критериумот за претходна согласност и предложил приод кој ги зема предвид сите околности на случајот. Особено, Судот напоменал дека, во одредени околности, услугата ‚не може да се третира како да била доброволно прифатена претходно’. Затоа Судот одлучил дека согласноста на засегнатото лице не била доволна за да се отфрли присилна работа. Поради тоа, важноста на согласноста мора да биде проценета во светло на сите околности на случајот.
...
97. Член 4(б) гласи: ‚Согласноста на жртвата на „трговија со луѓе“ со намера за експлоатација, како што е пропишано во точка (а) од овој член, е неважечка доколку е употребено кое било од средствата пропишани во точка (а)’. Прашањето на согласноста не е едноставно и не е лесно да се одреди каде завршува слободната волја, а каде започнува принудата. Во трговијата со луѓе, некои луѓе не знаат што ги чека, додека други се потполно свесни дека, на пример, ќе се впуштат во проституција. Меѓутоа, макар што некој можеби посакува вработување, и веројатно ќе прифати да се впушти во проституција, тоа не значи дека тие се согласуваат да бидат предмет на злоупотреба од секаков вид. Поради таа причина член 4(б) предвидува дека трговијата со луѓе постои без разлика дали има или нема согласност од жртвата да биде експлоатирана“.
42. Понатаму, во својот Четврт општ извештај за активностите (за периодот од 1 август 2013 година до 30 септември 2014 година), Експертската група за дејствување против трговијата со луѓе (ГРЕТА) на Советот на Европа го наведува следново:
„ГРЕТА забележа дека некои земји се фокусираат речиси исклучиво на ТСЛ [трговија со луѓе] заради сексуална експлоатација, а недоволно се работи на создавање на превентивни мерки против трговијата со луѓе за други цели. На пример, ГРЕТА побара од шпанските власти да развијат мерки за подигање на свеста за ТСЛ заради трудова експлоатација и да организира информативни и образовни активности за ТСЛ, вклучително и за децата“.
Потоа, во својот Петти општ извештај (за периодот од 1 октомври 2014 година до 31 декември 2015 година), ГРЕТА го додава следново:
„94. Член 10 од Конвенцијата предвидува позитивна обврска на Земјите-членки да ги идентификуваат жртвите на трговија со луѓе. Конвенцијата им налага на надлежните органи да располагаат со персонал којшто ќе биде обучен и квалификуван да ги идентификува и да им помага на жртвите, вклучувајќи ги и децата, и да соработува меѓу себе, како и со меродавните организации за поддршка, како што се невладините организации. Идентификацијата на жртвата е постапка која одзема одредено време. Дури и кога постапката за идентификација нема да се заврши, веднаш штом надлежните органи ќе заклучат дека постојат разумни основи да се верува дека одредено лице е жртва, тој/таа не смее да биде отстранет од територијата на засегнатата држава, ниту во земјата на потекло ниту во трета земја.
...
97. ГРЕТА исто така забележа во Италија дека откривањето на жртвите на трговија со луѓе заради трудова експлоатација било особено комплицирано поради значителната големина на ‚неформалната економија’ во одредени сектори. Со оглед на тоа што имиграциските закони во Италија не даваат можност за законско вработување за работници кои веќе престојуваат нерегулирано во Италија, нивната единствена можност за вработување е во неформалната економија, многу често во експлоататорски услови. Економските сектори каде што е честа експлоатацијата на голем број нерегулирани мигранти се земјоделството, градежништвото и текстилната индустрија. ГРЕТА побара од италијанските власти да преземат чекори за намалување на особената ранливост на нерегулираните мигранти кон трговија со луѓе и ги повика да ги проучат импликациите на имиграциските закони, особено кривичното дело незаконски влез и престој, со цел идентификување и заштита на жртвите на трговија со луѓе и гонење на сторителите.
98. Во извештајот за Шпанија, ГРЕТА искажа загриженост поради недостигот од обука и свесност за правата на жртвите на трговија со луѓе кај службениците на граничната полиција, службениците за азил, персоналот во привремените прифатни центри за странци (посебно во Автономните градови Сеута и Мелилја), персоналот во прифатните центри за баратели на азил, прифатните центри за нерегулирани мигранти каде што државјани на трети земји чекаат протерување, и судските тела надлежни за издавање наредби за протерување.“
Г. Европската Унија
43. Член 5 од Повелбата за темелните права на Европската Унија гласи:
Забрана на ропство и присилна работа
„1. Никој не смее да биде држен во ропство или ропска зависност.
2. Од никого не смее да се бара да извршува присилна или принудна работа.
3. Се забранува трговијата со луѓе.“
44. Рамковната одлука на Советот 2002/629/ПВР од 19 јули 2002 година за сузбивање на трговијата со луѓе особено го предвидува следново:
Член 1
Кривични дела кои се однесуваат на трговија со луѓе заради трудова експлоатација или сексуална експлоатација
„1. Секоја Земја-членка ги презема потребните мерки за да ја гарантира казнивоста на следниве дела:
врбување, превезување, пренесување, засолнување, понатамошно прифаќање на лице, вклучувајќи и размена или пренос на контрола врз тоа лице, каде што:
(а) се искористува принуда, присила или закана, вклучувајќи грабнување, или
(б) се искористува прелага или измама, или
(в) постои злоупотреба на положбата на моќ или на положбата на ранливост, којашто е таква што лицето нема вистинска и прифатлива алтернатива освен да се потчини на злоупотребата, или
(г) се даваат или примаат исплати или други придобивки за да се добие согласноста од лицето кое има контрола врз друго лице заради експлоатација на трудот или услугите на тоа лице, вклучувајќи ги, во најмала мера, присилната или принудната работа или услуга, ропството или практиките слични на ропство или ропската зависност, или заради експлоатација на проституирањето на друг лица или други облици на сексуална експлоатација, вклучувајќи ја и порнографијата.
2. Согласноста на жртвата на трговија со луѓе со експлоатацијата, во намера или веќе дадена, е неважечка доколку е употребено било кое средство пропишано во став 1.
3. Доколку однесувањето од став 1 вклучува дете, тогаш тоа претставува казниво кривично дело на трговија со луѓе дури и кога не е употребено ниту едно од средствата пропишани во став 1.
4. За потребите на оваа Рамковна одлука, изразот „дете“ означува лице под 18-годишна возраст“.
Член 2
Заговарање, помагање, поттикнување и обид
„Секоја Земја-членка ги презема потребните мерки за да ја гарантира казнивоста на заговарањето, помагањето, поттикнувањето или обидот да се изврши кривичното дело од член 1“.
Член 7
Заштита и помош на жртвите
„1. Земјите-членки водат сметка истражувањето и гонењето на кривичните дела опфатени со оваа Рамковна одлука да не зависат од пријава или обвинение од страна на лицето врз кое е сторено кривичното дело, барем во случаите за кои важи член 6(1)(а).
...“
45. Директивата 2011/36/ЕУ на Европскиот Парламент и на Советот од 5 април 2011 година за спречување и сузбивање на трговијата со луѓе и заштитата на жртвите, со која се заменува Рамковната одлука на Советот 2002/629/ПВР, особено го предвидува следново:
Член 1
Предмет
„Со оваа Директива се воспоставуваат минималните правила за дефинирање на кривичните дела и санкции во областа на трговија со луѓе. Со неа, исто така, се воведуваат и заеднички одредби, земајќи ја предвид родовата перспектива, за зајакнување на спречувањето на ова кривично дело и заштитата на неговите жртви.“
Член 2
Кривични дела кои се однесуваат на трговија со луѓе
„1. Земјите-членки ги преземаат потребните мерки за да гарантираат казнивост на следните дејствија за кои постои намера да се извршат:
Врбување, превезување, пренесување, засолнување или прифат на лица, вклучувајќи и размена или пренос на контрола врз тие лица, по пат на закана со сила или употреба на сила или на други облици на принуда, на грабнување, на измама, на прелага, на злоупотреба на положбата на моќ или положбата на ранливост или на давање или примање на исплати или други придобивки за да се добие согласноста на лицето кое има контрола врз друго лице, заради експлоатација.
2. Положбата на ранливост означува состојба во која засегнатото лице нема вистинска или прифатлива алтернатива освен да се потчини на злоупотребата.
3. Експлоатацијата опфаќа, во најмала мера, експлоатација на проституцијата на другите или други облици на сексуална експлоатација, присилна работа или услуга, вклучувајќи питачење, ропство или практики слични на ропството, ропска зависност, или експлоатација на криминални активности, или земање на органи.
4. Согласноста на жртвата на трговијата со луѓе со експлоатацијата, во намера или реална, е неважечка доколку е употребено кое било од средствата пропишани во став 1.
5. Доколку однесување од став 1 вклучува дете, тогаш тоа претставува казниво кривично дело на трговија со луѓе дури и кога не е употребено ниту едно од средствата пропишани во став 1.
6. За потребите на оваа Директива, ‚дете’ означува кое било лице под 18-годишна возраст.“
Член 3
Заговарање, помагање, поттикнување и обид
„Земјите-членки ги преземаат потребните мерки за да ја гарантираат казнивоста на заговарањето, помагањето, поттикнувањето и обидот да се изврши кривичното дело од член 2.“
Член 4
Казни
„1. Земјите-членки ги преземаат потребните мерки за да гарантираат дека кривичното дело од член 2 е казниво со максимална казна од најмалку пет години затвор.
2. Земјите-членки ги преземаат потребните мерки за да гарантираат дека кривичното дело од член 2 е казниво со максимална казна од најмалку 10 години затвор во случаи кога тоа кривично дело:
(а) било извршено врз жртва која била особено ранлива, што, во контекст на оваа Директива, ги опфаќа најмалку децата жртви;
(б) било извршено во рамките на криминална организација во смисла на Рамковната одлука на Советот 2008/841/ПВР од 24 октомври 2008 година за сузбивање на организиран криминал...;
(в) намерно или од груба небрежност го загрозило животот на жртвата; или
(г) било извршено со употреба на тешко насилство или предизвикало особено тешка штета на жртвата.
3. Земјите-членки ги преземаат потребните мерки за да гарантираат дека фактот што кривичното дело од член 2 било извршено од јавен службеник при вршењето на своите должности ќе се земе како отежнувачка околност.
4. Земјите-членки ги преземаат потребните мерки за да гарантираат дека кривичното дело од член 3 е казниво со делотворни, сразмерни и одвратувачки казни, кои може да вклучуваат предавање.“
IV. ИЗВЕШТАИ ЗА СОСТОЈБАТА ВО МАНОЛАДА
А. Народниот правобранител
46. Народниот правобранител на Грција состави извештај со датум од 22 април 2008 година по објавувањето на неколку написи во печатените и електронските медиуми кои известувале за бројните случаи на експлоатација на странци од поголеми размери во областа Илија.
Во својот извештај, упатен до неколку владини сектори и агенции, како и до Јавното обвинителство, тој ја коментирал состојбата во Манолада и дал препораки за нејзино подобрување.
47. Народниот правобранител известил дека стотици економски мигранти живееле во сиромашни услови во импровизирани логори во регионот. Тој рекол дека, покрај тоа што биле потчинети на лоши работни услови, се чинело дека мигрантите биле лишени од својата слобода бидејќи, според известувањата во печатот, нивните работодавачи – сопственици на стаклениците со јагоди посочени како „стакленици на срамот“ – ги надзирале нивните активности, дури и во нивното слободно време.
48. Упатувајќи на истите известувања од печатот, Народниот правобранител исто така изјавил дека: мигрантите биле слабо платени, работеле во неприфатливи услови и биле обврзани своите плати – за кои се велело дека се многу ниски – да им ги даваат на своите работодавачи за да може да купуваат добра и услуги од нив (закуп на „колипка“, елементарно снабдување со вода, а понекогаш и со струја, купување на намирници); валканата вода од логорите ја загадувала лагуната во Катохи, која е заштитено природно подрачје во европската мрежа Натура 2000; слабата хигиена преставувала причина за загриженост не само по здравјето на мигрантите, туку и на локалното население; во логорите работодавачите противзаконски отвориле продавници каде што мигрантите биле обврзани да ги купуваат основните производи за задоволување на своите елементарни потреби; на крајот од работната сезона, некои работодавачи ги поткажувале нерегуларните мигранти на полицијата за да не мора да им ги дадат платите.
49. Народниот правобранител тврдел дека работниот однос се одликувал со неконтролирана експлоатација на мигрантите, што потсетувало на раните години на Индустриската револуција, и дека истиот бил уреден согласно физичката и економската надмоќ на работодавачите. Тој забележал дека групи на ранливи луѓе биле засегнати и забележал дека државата останала целосно неактивна.
50. Народниот правобранител ги повикал различните државни органи да извршат инспекциски надзор и се застапувал да се усвојат цела низа на мерки коишто сметал дека се соодветни.
51. Во писмото од 26 мај 2008 година, Министерот за работни односи го известил Народниот правобранител дека биле спроведени единаесет инспекциски надзори. Биле откриени осум случаи на исплата на плати кои не соодветствувале на предвиденото со колективните договори, како и два случаи на детски труд. Тој додал дека на едно трговско друштво му била суспендирана дозволата поради извршување на неколку кривични дела и поради игнорирање на упатствата дадени од трудовите инспектори.
Б. Факти соопштени од Центарот за реинтеграција на мигрантските работници со поддршка од Европската Комисија
52. Во извештајот за Грција, подготвен во рамките на проектот насловен како „Сузбивање на трговијата со луѓе – чекор понатаму“ (2011) од страна на Центарот за реинтеграција на мигрантските работници со поддршка од Европската Комисија, се соопштува реакцијата на надлежните органи по разоткривањето на настаните што ги доживеале мигрантите кои работеле на полињата со јагоди во Манолада. Извештајот упатува на голем број написи објавени во печатот во 2008 година. Во него се изнесени следниве информации.
53. Состојбата со мигрантските работници во Манолада го привлекла вниманието на јавноста во пролетта 2008 година благодарение на еден долг напис со наслов „Црвено злато: сладок вкус со горки корења“, објавен во додатокот „Епсилон“ на неделното издание на весникот „Елефтеротипија“. Написот, во кој подробно биле опишани работните услови на мигрантските работници во Манолада и со кој се обелоденило занимавањето со трговија со луѓе, предизвикал расправа во грчкиот Парламент. Како последица на оваа објава, Министерот за работни односи побарал од Инспекторатот за труд да спроведе инспекциски надзор. Покрај тоа, Министерот за здравство наредил спроведување на здравствени прегледи, додека пак Министерот за внатрешни работи изјавил дека подготвувал одлука со која ќе се обврзеле работодавачите да обезбедат достојно сместување за сезонските работници.
54. Министерот за работни односи исто така констатирал дека во 2006 и 2007 година биле спроведени инспекциски надзори, но, завршиле со неуспешно кривично гонење. Што се однесува до новите инспекциски надзори наложени од страна на Министерот, ни тие не предизвикале никакви последици: повеќето производители на јагоди успеале да ги сокријат мигрантските работници, а само неколкумина биле гонети за вработување на нерегуларни мигранти (еден или двајца производители) или малолетници (двајца производители).
55. Врз основа на новинските известувања на кои се заснова овој извештај, во април 2008 година 1.500 работници одбиле да работат и се собрале на селскиот плоштад барајќи да им се платат платите и да им се покачат на 30 ЕУР дневно. На вториот ден од „штрајкот“, синдикалците од Комунистичката партија ги поддржале мигрантите, а вооружените надзорници на производителите нападнале и удриле по синдикалците, кои ги сметале за одговорни за однесувањето на мигрантите, како и по новинарите. Новинарите, одвратени од понатамошно пишување на написи на оваа тема, дури наводно добиле и смртни закани. Таа вечер, вооружените стражари ги уништиле колибите на мигрантите и испукале истрели во воздух со цел да ги заплашат. Полицијата не уапсила никого. Мигрантите побегнале на брегот и таму ја поминале ноќта.
ПРАВО
I. НАВОДНИ ПОВРЕДИ НА ЧЛЕН 4 § 2 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
56. Жалителите наведоа во жалбените наводи дека нивната работа на полињата со јагоди во Манолада претставувала присилна или принудна работа. Тие тврдеа дека Државата имала позитивна обврска да го спречи нивното потчинување на трговија со луѓе, за таа цел да усвои превентивни мерки и да изрече казни на нивните работодавачи кои, според нив, биле виновни за кривичното дело. Тие ја обвинија Државата дека пропуштила да ја исполни оваа обврска. Тие наведоа во жалбените наводи дека дошло до повреда на член 4 § 2 од Конвенцијата, кој гласи:
„2. Од никого нема да се бара да врши присилна или принудна работа.“
А. Допуштеност
1. Статус на жртва
57. Владата побара од Судот да ја одбие жалбата во однос на жалителите наведени под броевите 4, 6, 7, 8, 9, 14, 15, 19, 20, 22, 23, 24, 25, 26, 28 , 29, 33, 38, 39 и 42 врз основа на тоа што тие не учествувале како граѓански странки во постапката пред Поротниот суд. Владата тврдеше дека жалбените наводи на овие жалители биле одбиени како од обвинителот на Кривичниот суд во Амалијада така и од обвинителот на Апелациониот суд во Патра. Таа беше на мислење дека наводите на жалителите дека тие работеле на полето со јагоди на N.V. и дека не ги примиле платите за својата работа не ги довеле во прашање наодите на двајцата обвинители. Во врска со тоа, додаде дека Судот не може со своја сопствена процена да ја замени процената на обвинителите кои, и во прва инстанца и во апелација, констатирале дека тие жалители немале статус на жртви на трговија со луѓе.
58. Жалителите тврдеа дека дваесет и едниот од нив кои не биле повредени во инцидентот од 17 април 2013 година биле членови на групата работници кои работеле и биле присутни тој ден, па поради тоа и тие имале статус на жртва. Тие го критикуваа јавниот обвинител на Амалијада што пропуштил да ги испита поединечно случаите на секој од сто и двајцата работници со кои биле водени разговори од страна на истражните органи. Тие тврдеа дека обвинителот направил глобална процена на нивните искази и ги одбил врз основа на сомнежот што се чини дека го имал во однос на само некои од исказите. Жалителите тврдеа дека поднесоците на јавниот обвинител на Амалијада биле немеродавни во случајот на дваесет и едниот од нив кои не биле повредени и дека не содржеле никакви докази со кои би се оспориле исказите во прашање. Тие додадоа дека, дента кога јавниот обвинител на Амалијада ја донел својата одлука, случајот се однесувал само на обвинението за напад, па, според тоа, обвинителот разгледувал само дали жалителите биле жртви на тоа кривично дело, а не и на трговија со луѓе.
59. Судот е на мислење дека, во конкретните околности на овој случај, приговорот на Владата е толку тесно поврзан со суштината на жалбата на таа група жалители што треба да се присоедини кон основаноста, со оглед на тоа што е меродавен особено за испитување на делотворноста на истрагата (види став 117-22 подолу).
2. Неискористување на домашните правни лекови
60. Владата тврдеше дека жалителите не ги исцрпеле домашните правни лекови врз основа на тоа што во ниту една фаза од домашната постапка не упатиле јасно на ниту едно од правата загарантирани со Конвенцијата, а особено не на правото – на кое жалителите се повикуваа во својата жалба до Судот – да не бидат потчинети на присилна работа и трговија со луѓе. Владата изјави дека наводите на жалителите пред домашните судови главно се однесувале на домашното право. Владата беше на мислење дека потпирањето само на член 323A од Кривичниот законик без изречно упатување на член 4 од Конвенцијата не може да се смета за достаточно за Поротниот суд и за обвинителот од Касациониот суд да може да го испитуваат случајот во однос на Конвенцијата.
61. Жалителите тврдеа дека правото да не се биде потчинет на присилна работа преовладува во кривичните постапки што се однесуваат на обвиненијата за трговија со луѓе заради експлоатација во трудов контекст. Тие тврдеа дека нивното потчинување на присилна работа било јасно во очите на обвинителите и судовите кои постапувале по случајот. Тие изјавија дека, во својот поднесок во врска со основаноста, Владата потврдила дека различни државни органи биле свесни за нивните наводи дека биле потчинети на присилна работа и дека барале заштита од Државата. Според жалителите, Владата изречно признала дека постапката согласно член 323A од Кривичниот законик биле поведена заради испочитување од страна на Државата на обврските согласно член 4 од Конвенцијата и дека жалбените наводи за повреда на забраната за присилна работа биле разгледувани од страна на полицијата и судските органи.
62. Судот повторува дека, иако во контекст на механизмот за заштита на човековите права правилото за исцрпување на домашните правни средства мора да се применува со одредена доза на флексибилност и без претеран формализам, истото не подразбира само да се достави жалба до соодветните домашни судови и да се искористат правните лекови наменети за приговарање против спорните одлуки кои наводно ги кршат правата од Конвенцијата. Правилото обично подразбира и жалбените наводи, за кои постои намера последователно да се изложат пред меѓународна инстанца, да бидат искажани пред истите тие судови, барем во суштина и во согласност со формалните услови и рокови утврдени со домашното право (види, меѓу многу други [одлуки на Судот], Fressoz and Roire v. France [GC], бр. 29183/95, § 37, ECHR 1999‑I, и Azinas v. Cyprus [GC], бр. 56679/00, § 38, ECHR 2004-III).
63. Во овој случај, Судот забележува дека во постапката пред Поротниот суд во Патра јавниот обвинител тврдел дека членот 323A од Кривичниот законик, со кој трговијата со луѓе се определува за казнива, морал да се толкува во светло на член 22 од Уставот, со кој се забранува секаков облик на принудна работа, и член 4 од Конвенцијата (види став 18 погоре). Судот исто така напоменува дека дваесет и едниот повреден жалител побарале од јавниот обвинител во Касациониот суд да вложи жалба по точки од законот против пресудата на Поротниот суд. Како поткрепа на таквата жалба, тие тврделе дека, со цел да се одреди дали Поротниот суд правилно го применил членот 323A од Кривичниот законик, било неопходно да се испита дали постоел било каков вид на експлоатација на странските државјани по пат на искористување на нивната ранливост (види став 30 погоре). Судот понатаму констатира дека, при вложување на жалбата до јавниот обвинител во Амалијада на 8 мај 2013 година, дваесет и едниот жалител кои не биле повредени се повикале на Протоколот од Палермо, и побарале од јавниот обвинител да поведе постапка согласно член 323A од Кривичниот законик против работодавачите, кои ги обвиниле за експлоатирање во трудов контекст (види став 12 погоре).
64. Од своја страна, во својата пресуда од 30 јули 2014 година, Поротниот суд ги ослободил четворицата обвинети од обвинението за трговија со луѓе. Тогаш адвокатите на работниците поднеле барање до јавниот обвинител од Касациониот суд со молба да вложи жалба по точки од законот против пресудата на Поротниот суд. Во своето барање, тие тврделе дека Поротниот суд не го испитал соодветно обвинението за трговија со луѓе. Тие сметале дека, со цел да се одреди дали тој суд правилно го применил членот 323A од Кривичниот законик, било неопходно да се испита дали била искористена некоја ранливост на странските државјани со цел тие да се експлоатираат.
65. Судот забележува дека Кривичниот законик содржи само две одредби што се однесуваат на состојби како оние опишани во овој случај: член 323, со кој ропството се определува за казниво, и член 323A, со кој трговијата со луѓе се определува за казнива. Од второво е јасно дека, со цел некое лице да се прогласи за виновно за такво кривично дело, тој или таа мора да има сторено некое од набројаните дејствија со цел експлоатирање на жртвата. Трговијата со луѓе не се ограничува само на сексуална експлоатација, туку се проширува и на експлоатација преку работа, аспект на кој членот 323A § 3 Кривичниот законик конкретно упатува. Освен тоа, Судот веќе одлучи дека трговијата со луѓе во смисла на член 3 (а) од Протоколот од Палермо, инструмент кој изречно бил наведен, и член 4 (а) од Конвенцијата на Советот на Европа против трговијата со луѓе – обете веќе ратификувани од страна на Грција (види став 37 погоре) – спаѓа во делокругот на член 4 од Конвенцијата (види Rantsev, наведено погоре, § 282).
66. Во такви околности не може да се тврди дека грчките судски органи не биле свесни за условите поврзани со забраната на трговијата со луѓе и присилната или принудна работа. Без изречно потпирање на член 4 од Конвенцијата, жалителите нашле аргументи во домашното право и меѓународното право со кои јасно искажале жалбени наводи за повреда на правата загарантирани со таа одредба од Конвенцијата. Со тоа, на судските органи им дале прилика да ги избегнат, или да овозможат отштета за, наводните повреди, согласно намерата на членот 35 од Конвенцијата. Според тоа, приговорот на Владата мора да се одбие.
3. Заклучок
67. Судот констатира дека жалбата очигледно не е неоснована во смисла на член 35 § 3 (a) од Конвенцијата и дека не е недопуштена ниту по една друга основа. Затоа, мора да се прогласи за допуштена.
Б. Меритум
1. Поднесоци на странките
(а) Жалителите
68. Жалителите тврдеа дека фактите на случајот јасно го покажале постоењето на состојбата на присилна работа и дека Поротниот суд ја засновал својата одлука на многу тесно толкување на поимот „трговија со луѓе“, а кое било неспоиво со толкувањето на „присилна работа“ како што е наведено во член 4 од Конвенцијата и во други меѓународни инструменти. Тие изјавија дека забраната во член 4 од Конвенцијата не се однесувала само на случаите на апсолутна слабост на жртвите, целосно запоставување на нивната слобода или „исклученост од надворешниот свет“ (став 26-27 погоре). Тие додадоа дека поимите „закана од казнување“ и „неволна работа“ подразбирале и суптилни облици на психолошка закана, како што е заканата со поткажување во полиција или имиграциските органи и одбивањето да се исплатат платите. Жалителите сметаа дека постоеле сличности помеѓу нивниот случај и случајот на жалителот во Siliadin (наведено погоре, § 130) и истакнаа дека во тој случај Судот испитувал дали релевантното законодавство и неговата примена биле во толкава мера недостаточни што довеле до повреда на член 4 од Конвенцијата од страна на одговорната Држава.
69. Жалителите тврдеа дека, во овој случај, одговорната држава пропуштила да ја испочитува својата позитивна обврска - да ја спречи состојбата на присилна работа како облик на експлоатација во смисла на член 323A од Кривичниот законик и дефинициите содржани во член 3 (а) од Протоколот од Палермо и 4 (а) од Конвенцијата против трговијата со луѓе, за да ги заштити жалителите и да ги казни сторителите на тие дејствија. Според нив, од предметот било јасно дека грчките надлежни органи свесно толерирале состојба која укажувала на тоа дека мигрантските работници биле потчинети на присилна работа. Жалителите изјавија дека Народниот правобранител ги известил надлежните органи за непрекинатото вработување на нерегуларни мигранти во Манолада во услови на експлоатација (види став 48-53 погоре). Тие додадоа дека Поротниот суд во Патра констатирал дека, и покрај ова предупредување, полицијата не ја проверила производната единица на нивните работодавачи. Тие беа на мислење дека нивните наводи не биле правилно испитани. Освен тоа, тие тврдеа дека со оние со кои бил спроведен разговорот истиот не бил воден на нивниот мајчин јазик, туку на јазик што едвај го зборувале, и дека Поротниот суд го одбил нивното барање да ползуваат, како жртви на трговија со луѓе, психолошка поддршка. Што се однесува до оние жалители кои не биле повредени, тие посочија дека на обвинителот му биле потребни петнаесет месеци за да го одбие, наводно многу кратко и без образложение, нивното барање да подигне обвинение.
70. Конечно, жалителите тврдеа дека Владата не го спорела фактот дека меродавното домашно право пропуштило да ја определи за казнива присилната работа per se, или да ги примени одредбите за трговија со луѓе на таков начин што да ги опфатат и случаите на присилна работа.
(б) Владата
71. Упатувајќи на долги извадоци од пресудата на Поротниот суд, Владата тврдеше дека судот дал достаточни причини за својата одлука, дека ги зел во предвид сите докази и дека не направил особено тесно толкување на членот 323A од Кривичниот законик. Според Владата, од фактите на случајот јасно се гледало дека работата на жалителите не се изнудувала под закана од казнување и дека „врз нив никој не положил право на сопственост, што би го свело нивното правно постоење на ниво на предмети“. Владата посочи дека, во овој случај, недостасувале елементите на физичка или психичка принуда. Тие додадоа дека на жалителите не им било оневозможено да ја променат состојбата од нивните жалбени наводи. Во врска со тоа, Владата изјави дека жалителите не биле обврзани да мора да работат, дека имале прилика да преговараат за условите на своето вработување, и дека биле слободни да ги напуштат работните места кога и да посакаат за да побараат нова работа.
72. Владата тврдеше дека надлежните органи целосно ги испочитувале позитивните и процесните обврски согласно член 4 од Конвенцијата во однос на прашањето за трговија со луѓе. Тие тврдеа дека не постоеле докази дека надлежните органи знаеле или требало да бидат свесни за факти кои би побудиле основано сомнение дека жалителите биле во реална опасност од потчинување на однос спротивен од таа одредба. Тие посочија дека жалителите не поднеле никаква пријава во полицијата, макар и во форма на поплака, што би ѝ овозможило на полицијата да ја испита состојбата за која тврделе дека се жртви.
73. Владата понатаму сметаше дека жалбените наводи на жалителите кои се однесуваат на ропска зависност и принудна работа биле темелно испитани од страна на полицијата и судските органи, кои реагирале без одлагање и ги уапсиле сторителите на тие дејствија и ги извеле пред суд. Таа исто така изјави дека националното законодавство содржело како кривични така и граѓански одредби за сузбивање на трговијата со луѓе и заштитата на правата на жртвите. По оваа точка, Владата напомена дека со член 323A од Кривичниот законик присилната работа се определува за казнива согласно забраната од член 4 од Конвенцијата и објасни дека оваа домашна одредба била наменета за оние кои, по пат на употреба на закана или сила или друго средство за принуда, врбувале лица заради експлоатирање на нивната работа во полза на самиот сторител или во полза на трета страна.
74. Владата тврдеше дека жалителите кои учествувале во постапката како граѓански странки во суштина барале од Судот да ги преиспита и измени наодите на Поротниот суд, што довело до одбивање на нивните аргументи. Во тој поглед, Владата тврдеше дека толкувањето и примената на националното право спаѓа во надлежност на домашните судови, како што е утврдено и од Судот во голем број случаи. Во овој случај, Владата изјави дека Поротниот суд ги испитал наводите на странките и дека одлуката што ја донел судот по неколкудневен претрес содржела сеопфатно образложение.
75. Конечно, Владата тврдеше дека меродавното домашно право, а особено член 22 § 4 од Уставот и член 323A од Кривичниот законик, како и различните меѓународни инструменти ратификувани од страна на Грција, на жалителите им дале стварна и делотворна заштита против трговијата со луѓе и присилна или принудна работа.
2. Интервениенти од трета страна
(а) Правниот факултет при Универзитетот во Лунд, Шведска
76. Третата страна интервениент го анализираше поимот присилна работа во контекст на член 4 од Конвенцијата и како истиот може да се разликува од ропската зависност во светло на судската пракса на Судот. Во тој поглед, интервениентот предложи појаснување во однос на примената на тестот за „невозможен или несразмерен товар“ за да се утврдат фактичките околности што би можеле да претставуваат присилна работа. Според него, Судот во овој случај треба да разгледа дали постоела закана од казнување и да ја испита разликата помеѓу реалните работни услови на жалителите и условите од меродавното законодавство за работни односи. Според него, ограничувањето на слободата на движење претставува услов што ја одликува ропската зависност, но не и присилната работа. Третата страна интервениент тврдеше дека за да се утврди дали состојбата во прашање постигнала одреден праг за да се квалификува како ропска зависност, неопходно е да се разгледа дали жалителите биле во потполна изолација, дали биле лишени од автономија и дали биле потчинети на суптилни облици на контрола врз различни аспекти од нивните животи.
77. Третата страна интервениент потоа се осврна на содејството помеѓу позитивните обврски на Државите согласно член 4 од Конвенцијата и оние што се налагаат со Конвенцијата на Советот на Европа против трговијата со луѓе. Според него, овие обврски ги засегаат не само случаите на трговија со луѓе, туку и сите други состојби опфатени со член 4 од Конвенцијата. Понатаму тврдеше дека, што се однесува до позитивните обврски што произлегуваат од тој член, протолкуван во светло на погоре споменатата конвенција на Советот на Европа, истите не треба да зависат од условите на домашното кривично право.
(б) Меѓународната конфедерација на синдикати
78. Третата страна интервениент тврдеше дека работникот е жртва на повреда на член 4 од Конвенцијата кога истиот не може да даде оставка на своето работно место поради задржување на неговите плати од страна на работодавачот, кога се држи во атмосфера на страв и се присилува да работи прекувремено (често пати над сопствените можности), како и кога е во состојба на ранливост поради неговиот статус на нерегуларен мигрант. Според него, фактот што мигрантскиот работник бил во состојба на нерегуларност во времето на неговото потчинување на присилна работа не треба да има никакво значење за прашањето дали дошло до повреда на таа одредба или дали на засегнатото лице му било на располагање правно средство од домашното право.
79. Интервениентот изјави дека во грчкото кривично право не постои одредба за присилна работа. Тој беше на мислење дека одредбите за трговија со луѓе не биле доволни врз основа на тоа што не содржеле соодветни формулации во однос на согласноста на жртвата. Тој додаде дека Конвенцијата на МОТ бр. 29 предвидува дека поимот за присилна работа е поширок од поимот трговија со луѓе и дека за националниот правен систем е важно да содржи специфични одредби коишто ќе го земат предвид начелото на строго толкување на кривичното право. Тој исто така додаде дека грчкиот закон не налага работодавачите да мора да ги платат заостанатите плати на нерегуларни мигранти.
(в) Организацијата „Anti-Slavery International“
80. Главниот аргумент на овој интервениент беше следниов: макар што признавањето и класифицирањето на поимите содржани во член 4 од Конвенцијата еволуирало со текот на времето, заедничката особина на сите опишани облици на експлоатација е злоупотребата на ранливоста. Според него, овој поим би требало да послужи како појдовна основа кога Судот го разгледува обликот на експлоатација во прашање согласно член 4 од Конвенцијата.
81. Интервениентот се фокусираше на четири точки: (а) познатите особености на земјоделската работа што ја вршат мигрантите во Европа и елементите на оваа работа што се поврзуваат со присилна работа или трговија со луѓе; (б) злоупотреба на ранливоста, за која тој сметаше дека е едно од средствата за експлоатација на жртвите на трговија со луѓе; (в) делокругот на член 4 од Конвенцијата, што би подразбирало и испитување на дефинициите на однесувањето кое се забранува со таа одредба и соодносот помеѓу облиците на однесување; и (г) материјални и процесни обврски согласно член 4 од Конвенцијата во однос на присилна работа и трговија со луѓе.
82. Поконкретно, интервениентот тврдеше дека, во одредени околности – кога работодавачот ги експлоатира и контролира работниците така што го искористува нивниот статус на нерегуларни мигранти, а со тоа и на нивната ранливост, кога надзорот станува угнетувачки, сместувањето е на самата локација, работното време е продолжено, платите се ниски или не се исплаќаат, и постојат закани за насилство во случај на одбивање на соработка – работењето се постигнува под закана од казнување и без согласност од засегнатото лице и претставува присилна работа. Според интервениентот, овие елементи може да се вклучат и во дефиницијата за трговија со луѓе, која, според него, преставува средство за наметнување на ропство или присилна работа. Тој сметаше дека ропството и присилната работа ја дефинираат трговијата со луѓе, а не обратно.
(г) Центарот AIRE (Советување за правата на поединецот во Европа) и ПИКУМ (Платформа за меѓународна соработка за недокументирани мигранти)
83. Интервениентите ги засегнаа следниве прашања: (а) одредувањето на елементите кои се неопходни за да се разгледа дали работните услови спаѓаат во делокругот на член 4 § 2 од Конвенцијата и ја повредуваат таа одредба; (б) степенот на ограничување на слободата, или слободата на движење, и нивото на мешање во личната автономија и достоинство, што било неопходно за да се поведе постапка согласно член 4 од Конвенцијата; (в) толкувањето на овие одредби така што да се избегне повреда на член 17 и 18 од Конвенцијата; (г) можноста за повикување на одредбите од Европската социјална повелба согласно член 53 од Конвенцијата во случаите кои отвораат прашања поврзани со член 4 од Конвенцијата; и (д) меродавноста на правото на Заедницата, особено на правните текови за здравјето и безбедноста на работното место, а во однос на дефиницијата за соодветни и правични работни услови.
3. Процена на Судот
(а) Дали е применлив членот 4 § 2 од Конвенцијата
(i) Општи начела
84. Судот упатува на својата меродавна судска пракса за општите начела со кои се уредува примената на член 4 во конкретниот контекст на трговија со луѓе (види, особено, Rantsev, наведено погоре, §§ 283-89). Имајќи ја во предвид важноста на член 4 од Конвенцијата, нејзиниот делокруг не може да се ограничи само на непосредни дејствија од државните органи. Од оваа одредба произлегува дека Државите имаат позитивни обврски, особено, за спречување на трговијата со луѓе и заштитата на жртвите од тоа, и за приспособување на одредбите од кривичното право со кои таквите практики се определуваат за казниви (види Siliadin, наведено погоре, § 89).
85. Прво, со цел да се избори со оваа појава, на Државата членка ѝ се наложува да усвои сеопфатен пристап и да воспостави, покрај мерките насочени кон казнување на трговците со луѓе, мерки за спречување на трговијата и за заштита на жртвите (види Rantsev, наведено погоре, § 285). Од судската пракса произлегува дека државите мора, како прво, да преземат одговорност за воспоставување на законодавна и административна рамка која ќе обезбеди стварна и делотворна заштита на правата на жртвите на трговијата со луѓе. Покрај тоа, домашното имиграциско право на државите мора да одговори на загриженоста околу стимулирањето, односно помагањето и поттикнувањето на трговијата со луѓе или нејзиното толерирање (вити Rantsev, наведено погоре, § 287).
86. Второ, во одредени околности, државата ќе се најде во обврска да преземе оперативни мерки за заштита на реалните или потенцијалните жртви на постапувањето спротивно на член 4. Како и со членовите 2 и 3 од Конвенцијата, и со член 4 може, во одредени околности, да ѝ се наложи на Државата да преземе такви мерки (види L.E. v. Greece, no. 71545/12, § 66, 21 January 2016). Со цел позитивната обврска за преземање оперативни мерки да произлезе во околностите на конкретниот случај, мора да се покаже дека државните органи биле свесни, или требало да бидат свесни, за околностите кои побудуваат основано сомневање дека идентификуваното лице било или е изложено на стварен или непосреден ризик да биде тргувано или експлоатирано во смисла на член 3 (а) од Протоколот од Палермо и член 4 (а) од Конвенцијата против трговијата со луѓе. Во случај на потврден одговор, ќе дојде до повреда на член 4 од Конвенцијата кога надлежните органи ќе пропуштат да ги преземат соодветните мерки во делокругот на нивните овластувања за да го отстранат лицето од таквата состојба или од ризик (ibid.).
87. Трето, член 4 налага процесна обврска за истражување на потенцијалните состојби на трговија со луѓе. Надлежните органи мора да делуваат по сопствена иницијатива кога ќе дознаат за определено прашање; обврската за водење истрага не треба да зависи од формалната жалба на жртвата или близок роднина (види Rantsev, наведено погоре, § 232; Dink v. Turkey, nos. 2668/07, 6102/08, 30079/08, 7072/09 and 7124/09, § 76, 14 September 2010; и Paul and Audrey Edwards v. the United Kingdom, no. 46477/99, § 69, ECHR 2002-II). За да биде делотворна, истрагата мора да биде независна од лицата имплицирани во настаните. Исто така, истрагата мора да може да доведе до идентификација и казнување на одговорните лица. Не станува збор за обврска на резултатот, туку на средството. Условот за брзо реагирање и разумна експедитивност е имплициран во сите случаи, но кога е возможно засегнатото лице да се отстрани од штетната состојба, тогаш истрагата мора да се спроведе како прашање на итност. Жртвата или блискиот роднина мора да се вклучи во постапката толку колку што е неопходно за да се загарантира неговиот или нејзиниот легитимен интерес (види, mutatis mutandis, Paul and Audrey Edwards, наведено погоре, §§ 70-73).
88. Судот понатаму повторува дека терминот „присилна работа“ ја буди во свеста идејата за физичка или психичка принуда. Што се однесува до терминот „принудна работа“, истиот не може да се однесува на кој било облик на законско задолжение или обврска. На пример, работата што треба да се изведе согласно слободно испреговаран договор не може да се смета дека спаѓа во делокругот на член 4 од Конвенцијата единствено врз основа на тоа што една од страните се нафатила со другата страна да ја сработи таа работа и ќе подлежи на санкции доколку не си го исполни ветувањето. Она што мора да постои е работа „изнудена... под закана од некаква казна“ и истата да се врши против волјата на засегнатото лице, односно, работа за која тој „не се понудил себеси доброволно“ (види Van der Mussele v. Belgium, 23 November 1983, § 37, Series A no. 70, и Siliadin, наведено погоре, § 117). Во пресудата за Van der Mussele (наведено погоре, § 37) Судот констатира дека „релативната вредност„ на „претходната согласност“ на жалителот бара сеопфатен пристап кој би ги земал во предвид сите околности на случајот. Судот особено напомена дека, во одредени случаи или околности, „давањето на одредена услуга не може да се смета дека било доброволно прифатено однапред“ од страна на лицето. Според тоа, исправноста на согласноста мора да се процени во светло на сите околности во случајот.
89. Со цел да се појасни поимот „работа“ во смисла на член 4 § 2 од Конвенцијата, Судот нагласи дека некоја работа што се бара од лицето под закана од „казнување“ не мора да значи дека претставува „присилна или принудна работа“ што се забранува со таа одредба. Неопходно е да се земе предвид, особено, природата и обемот на активноста во прашање. Овие околности овозможуваат да се распознае „присилната работа“ од работата која може разумно да се бара врз основа на семејна помош или вонбрачна заедница. Во тој поглед, Судот во Van der Mussele (наведено погоре, § 39) се потпираше особено врз поимот на „несразмерен товар“ за да одреди дали адвокатот приправник бил потчинет на принудна работа кога од него се барало да работи бесплатно на одбрана на клиентите што советот му ги доделувал (види C.N. and V. v. France, no. 67724/09, §74, 11 October 2012).
(ii) Примена на овие начела врз овој случај
90. Судот првин забележува дека странките всушност не ја спореле применливоста на членот 4 во овој случај.
91. Судот повторува дека не постои сомнеж дека трговијата со луѓе претставува закана по човековото достоинство и темелните слободи на жртвите и не може да се смета за споиво со демократско општество и вредностите изложени во Конвенцијата (види Rantsev, наведено погоре, § 282). Судот упатува на својата меродавна судска пракса каде што веќе прифати дека трговијата со луѓе спаѓа во делокругот на член 4 од Конвенцијата (види, особено, Rantsev, наведено погоре, §§ 272-82). Макар што, овој случај не се однесува на сексуална експлоатација, како што е случајот Rantsev, сепак, и експлоатација на трудот претставува еден аспект на трговија со луѓе, и грчките судови го испитувале случајот од таа перспектива. Овој аспект може јасно да се види од член 4 (а) на Конвенцијата на Советот на Европа против трговијата со луѓе, која особено предвидува дека „експлоатацијата подразбира, во најмала мера, експлоатација на проституцијата и други облици на сексуална експлоатација, присилна работа или услуга, ропство или практики слични на ропство, ропска зависност или земање на органи“ (види став 42 погоре). Со други зборови, експлоатација на трудот е еден од облиците на експлоатација опфатени со дефиницијата за трговија со луѓе, а со тоа се нагласува суштинската поврзаност меѓу присилната или принудна работа и трговијата со луѓе (види и став 85-86 и 89-90 од Појаснителниот извештај во прилог на Конвенцијата против трговијата со луѓе, став 43 погоре). Истата идеја јасно се одразува и во член 323A од Кривичниот законик, кој бил применет во овој случај (види став 33 погоре).
92. Во овој случај, Судот забележува дека жалителите биле врбувани на различни датуми во периодот помеѓу октомври 2012 и февруари 2013 година, и дека работеле најмалку до датумот на инцидентот, 17 април 2013 година, без да ја добијат договорената плата, којашто останала неисплатена. Иако нивните работодавачи понудиле храна и сместување за ниска цена (3 ЕУР дневно), нивните услови за живеење и работа биле особено сурови: работеле во стаклениците од 7 наутро до 7 навечер секој ден, береле јагоди под надзор на вооружени надзорници вработени до Т.А.; живееле во импровизирани колиби направени од картон, најлон и бамбус, без тоалет или протечна вода; нивните работодавачи не им платиле и ги предупредиле дека ќе си ги добијат платите само ако продолжат со работата.
93. Судот исто така напоменува дека жалителите немале дозвола за престој ниту дозвола за работа. Жалителите биле свесни дека нивната нерегулирана ситуација ги изложила на ризик од апсење и приведување заради депортирање од Грција. Обидот да ја напуштат работата несомнено ќе ја зголемел веројатноста за тоа и ќе значел губење на секаква надеж дека ќе си ги добијат платите што им биле заостанати, макар и делумно. Освен тоа, жалителите, кои не добиле никаква плата, не можеле ниту да отидат да живеат на друго место во Грција, ниту пак да ја напуштат земјата.
94. Судот понатаму смета дека кога работодавачот ја злоупотребува својата моќ или ја искористува ранливоста на своите работници со цел да ги експлоатира, тие тогаш не се нудат себеси за работа доброволно. Претходната согласност на жртвата не е доволна за да се исклучи карактеризирањето на работата како присилна работа. Прашањето дали лицето се нуди себеси за работа доброволно е фактичко прашање кое треба да се испита во светло на сите меродавни околности на случајот.
95. Во овој случај, Судот забележува дека жалителите започнале да работат во време кога се наоѓале во состојба на ранливост како нерегуларни мигранти без средства и изложени на ризик од апсење, притворање и депортирање. Жалителите веројатно сфатиле дека ако престанат да работат никогаш нема да си ги добијат заостанатите плати, а чијшто износ постојано се зголемувал како што менувале деновите. Дури и под претпоставка дека, во времето на нивното врбување, жалителите се понудиле себеси за работа доброволно и имале верба дека ќе си ги добијат платите, состојбата последователно се влошила како последица на однесувањето на нивните работодавачи.
96. Судот понатаму напоменува дека во своите поднесоци до Поротниот суд во Патра, јавниот обвинител изнел одредени факти коишто не биле доведени во прашања од страна на судот во неговата пресуда. Односно, на работниците не им биле исплатени плати за шест месеци, добивале само мали износи за храна, што им ја одбивале од платите, а работодавачот им ветувал дека ќе им плати подоцна. Обвинетите бескрупулозно се наметнувале себеси со своите закани и со оружјето што го носеле. Работниците работеле напорно во екстремни физички услови и за исцрпувачки продолжено работно време, и биле изложени на постојано понижување. На 17 април 2013 година, работодавачот ги известил работниците дека нема да им плати и дека ќе ги убие ако не продолжат да работат за него. Бидејќи работниците не попуштиле пред заканите, тој им рекол да си заминат и ги предупредил дека ќе вработи друга екипа на нивно место, и дека ќе им ги запали колибите доколку одбиваат да си заминат. Со тоа што им ветил елементарно засолниште и дневница од 22 ЕУР, што било единствено решение за жртвите да си обезбедат каква годе живејачка, работодавачот успеал да ја добие нивната согласност во моментот кога ги врбувал, за да може подоцна да ги експлоатира.
97. Судот е на мислење дека, со право, состојбата на жалителите не може да се окарактеризира како ропска зависност. Во врска со тоа, судот повторува дека темелната особина по која ропската зависност се разликува од присилната или принудна работа во смисла на член 4 од Конвенцијата лежи во чувството на жртвата дека неговата или нејзината состојба е постојана и дека е неверојатно да се смени таквата состојба (види C.N. and V. v. France, наведено погоре, § 91). Иако тоа беше случај со првиот жалител во C.N. and V. v. France (ibid., § 92), во овој случај жалителите не можело да имаат такви чувства бидејќи сите биле сезонски работници ангажирани да берат јагоди. Сепак, со изјавата дека работните и животните услови на жалителите не довеле до тоа да живеат во состојба на изолација од надворешниот свет, без каква и да е можност да го напуштат работниот однос и да побараат друга работа (види став 26 погоре), Поротниот суд во Патра се чини дека ја побркал ропската зависност со трговијата со луѓе или присилната работа како облик на експлоатација заради трговијата со луѓе.
98. Фактите на случајот, а особено работните услови на жалителите, од кои повеќето беа нагласени во пресудата на Поротниот суд, а кои не беа, згора на тоа, оспорени од страна на Владата, јасно покажуваат постоење на трговија со луѓе и присилна работа. Фактите во прашање се доследни со дефиницијата за трговија со луѓе од член 3 (а) од Протоколот од Палермо и член 4 од Конвенцијата на Советот на Европа против трговијата со луѓе, со тоа што ова кривично дело е предвидено во член 323A од Кривичниот законик, каде што во суштина се репродуцираат дефинициите содржани во погоре споменатите меѓународни инструменти. Во тој поглед, Судот повторува дека не е негова задача да го заземе местото на домашните судови. Првенствено државните органи, а пред сè судовите, треба да си го решат проблемот со толкувањето на домашното законодавство. Улогата на Судот е да провери дали ефектите на таквото толкување се споиви со Конвенцијата (види Nejdet Şahin and Perihan Şahin v. Turkey [GC], no. 13279/05, § 49, 20 October 2011).
Судот забележува, згора на тоа, дека согласно член 28 од грчкиот Устав, меѓународните договори, после нивната ратификација од страна на законодавците и нивното влегување во сила, сочинуваат составен дел на домашното право и преовладуваат над која било одредба од правото на земјата. Од тука произлегува обврската на судовите да го толкуваат домашното право така што да ги земат предвид меѓународните инструменти на коишто Грција е потписничка. Во овој случај, националните судови многу тесно го протолкувале и примениле поимот трговија со луѓе, така што буквално го изедначиле со поимот ропска зависност.
99. Судот оттука заклучува дека состојбата на жалителите спаѓа во делокругот на член 4 § 2 од Конвенцијата како трговија со луѓе и присилна работа.
100. Сега треба да се разгледа дали одговорната Држава ја исполнила својата позитивна обврска согласно наведениот член.
(б) Позитивните обврски на одговорната држава согласно член 4 од Конвенцијата
101. Судот повторува дека член 4 од Конвенцијата може, во одредени околности, да ја обврзе државата да преземе оперативни мерки за да ги заштити реалните или потенцијалните жртви на трговијата со луѓе (види став 87-89 погоре).
102. Поконкретно, позитивните обврски на државата членка согласно член 4 од Конвенцијата мора да се толкуваат во светло на Конвенцијата на Советот на Европа против трговијата со луѓе и да се согледаат дека налагаат, покрај спречување, и заштита на жртвата и истрага, заедно со карактеризирањето на кривичното дело и делотворното гонење на секое дејствие насочено кон одржување на лицето во таква состојба (види Siliadin, наведено погоре, § 112). Судот се раководи според Конвенцијата и според начинот на кој истата беше толкувана од ГРЕТА.
(i) Обврска да се воспостави соодветна правна и регулаторна рамка
103. Со цел да ја испочитуваат својата позитивна обврска да ги определат за казниви и делотворно да ги гонат практиките од член 4 од Конвенцијата, на Државите членки им се налага да воспостават законодавна и административна рамка за забрана и казнување на присилна или принудна работа, ропска зависност и ропство (види Siliadin, наведено погоре, §§ 89 and 112; исто, mutatis mutandis, Rantsev, наведено погоре, § 285, и L.E. v. Greece, наведено погоре, §§ 70-72). Па така, при процена дали дошло до повреда на член 4 од Конвенцијата, мора да се земе предвид воспоставената меродавна правна или регулаторна рамка (види Rantsev, наведено погоре, § 284).
104. Судот забележува, прво, дека Грција ги ратификувала или потпишала, одамна пред меродавниот период од овој случај, главните меѓународни инструменти усвоени заради сузбивање на ропството и присилната работа (види став 37 погоре). Покрај тоа, Грција ги ратификувала и Протоколот од Палермо од декември 2000 година и Конвенцијата на Советот на Европа против трговијата со луѓе од 16 мај 2005 година. Грција исто така ја транспонирала Рамковната одлука бр. 2002/629/ПВР на Советот на Европската Унија како и инструментот што ја замени, Директива 2011/36 на Европскиот Парламент и на Советот на Европската Унија (види став 46-47 погоре).
105. Судот забележува, згора на тоа, дека Кривичниот законик не содржи никакви конкретни одредби што се однесуваат на присилна работа, додека пак со член 22 § 4 од Уставот се забрануваат сите облици на принудна работа. За разлика од тоа, со Законот бр. 3064/2002, со кој во грчкиот правен поредок се транспонира Рамковната одлука 2002/629/ПВР на Советот на Европската Унија за борба против трговијата со луѓе, макар што насочена на друга материја, а не на присилна работа или ропска зависност, се воведоа, како што посочува насловот, прописи за сузбивање на трговијата со луѓе. Член 323A на тој начин беше вграден во Кривичниот законик како дел од транспонирањето. Во својот прв став, со овој член се казнува секој што по пат на употреба на сила или закана со сила, или кое било друго средство на принуда или злоупотреба на овластување или моќ, врбува, превезува, внесува во земјата, затвора, засолнување, испорачува – со или без надоместок – или прибавува од трета страна, кое било лице со цел да земе клетки, ткива или органи од тоа лице, или да ја експлоатира работата или питачењето на тоа лице, без оглед дали тоа го прави за лична полза или во име на друг. Третиот став е насочен против секој што прифаќа работа извршена од страна на лице кое е потчинето на условите опишани во првиот став (види став 33 погоре).
106. Конечно, со Законот бр. 4198/2013 за борба против трговијата со луѓе, со којшто во грчкиот правен поредок се вградува Директивата 2011/36 на Европскиот Парламент и на Советот на Европската Унија, се измени Законикот за кривична постапка со цел да се обезбеди подобра заштита на жртвите на трговијата со луѓе во судските постапки (види став 36 погоре).
107. Оттука, Судот констатира дека Грција во суштина ја испочитувала својата позитивна обврска да воспостави законодавна рамка за сузбивање на трговијата со луѓе. Останува да се испита дали и другите позитивни обврски биле испочитувани во овој случај.
(ii) Оперативни мерки
108. Судот напоменува дека Конвенцијата на Советот на Европа против трговијата со луѓе ги повикува државите членки да усвојат низа мерки за спречување на трговијата со луѓе и за заштита на правата на жртвите. Во превентивни мерки спаѓаат мерки за зајакнување на координацијата на национално ниво помеѓу различните тела надлежни за борба против трговијата со луѓе, како и за обесхрабрување на побарувачката којашто промовира каков било облик на експлоатација на лица, вклучително и гранична контрола за откривање на трговијата со луѓе. Во мерки за заштита спаѓа олеснување на идентификацијата на жртвите со помош на квалификувани лица и помагање на жртвите во нивното физичко, психолошко и социјално закрепнување.
109. Во овој случај, Судот забележува на почетокот дека, одамна пред инцидентот на 17 април 2013 година, состојбата на полињата со јагода во Манолада им била позната на надлежните органи, коишто дознаа за состојбата преку известувањата во новинските написи (види став 54-55 погоре). Па така, не само што се воделе расправи во Парламентот на оваа тема, туку и три министри – имено, за работни односи, за здравство и за внатрешни работи – наредиле инспекциски надзор и подготовка на текстови насочени кон подобрување на состојбата со мигрантите. Сепак, мора да се забележи дека ваквата ангажираност не довела до никакви конкретни резултати.
110. Судот понатаму напоменува дека во извештајот од април 2008 година Народниот правобранител за оваа состојба ги алармирал неколкуте државни министерства и агенции, како и Јавното обвинителство (види став 48-52 погоре). Народниот правобранител истакнал дека работните односи помеѓу мигрантите и нивните работодавачи се карактеризирале со неконтролирана експлоатација на работниците-мигранти, и дека тоа потсетувало на Индустриска револуција. Тој забележал дека овие односи ги одликувала физичка и економска надмоќ на работодавачите и дека Државата останала целосно неактивна. Тој препорачал надлежните органи да усвојат низа на мерки.
111. Судот забележува, сепак, дека дошло само до спорадични реакции од страна на надлежните органи, кои пропуштиле, барем до 2013 година, да најдат едно општо решение за проблемите со кои се соочувале мигрантските работници во Манолада.
112. Судот исто така забележува дека полициската станица во Амалијада се чини дека била свесна за одбивањето на работодавачите на жалителите да им ги платат нивните плати. Во врска со тоа, судот упатува на сведочењето на еден од полициските службеници на судската расправа во Поротниот суд, кој изјавил дека одредени работници отишле во полициската станица за да се пожалат за одбивањето (види став 21 погоре).
113. Во светло на претходно кажаното, Судот констатира дека оперативните мерки преземени од надлежните органи не биле доволни за да се спречи трговијата со луѓе или да се заштитат жалителите од постапувањето на кое биле изложени.
(iii) Делотворност на истрагата и на судските постапки
114. За истрагата на експлоатацијата да биде делотворна, истата мора да може да доведе до утврдување на идентитетот и казнување на одговорните лица, што е обврска не за резултатот, туку за средството (види Rantsev, наведено погоре, § 288). Условот за брзо реагирање и разумна експедитивност е имплицитен во сите случаи, но кога е возможно лицето да се отстрани од состојбата која му предизвикува штета, тогаш истрагата мора да се спроведе под итно (ibid.). Што се однесува до тоа каков вид на истрага треба да се спроведе за да се постигнат погоре споменатите цели, истата може да биде различна зависно од околностите. Сепак, штом за прашањето ќе дознаат надлежните органи, тие мора да делуваат по сопствена иницијатива (види C.N. v. the United Kingdom, no. 4239/08, § 69, 13 November 2012). Згора на тоа, и општо кажано, Судот смета дека обврската за делотворна истрага е обврзувачка, за такви прашања, како за полициските така и за судските органи. Кога овие надлежни органи ќе утврдат дека работодавачот прибегнал кон трговија со луѓе и присилна работа, тие треба соодветно да делуваат, секој во рамките на своите области на надлежност, согласно меродавните одредби од кривичното право.
(α) Што се однесува до жалителите кои не учествувале во постапката пред Поротниот суд
115. Судот забележува дека во својата жалба од 8 мај 2013 година, оваа група на жалители изнела два правци на жалбени наводи, различни по природа. Од една страна, тие тврделе дека биле вработени на фармата од страна на Т.А. и N.V. во услови на трговија со луѓе и присилна работа, повикувајќи се на член 323A од Кривичниот законик и Протоколот од Палермо кој има за цел таквата трговија да се спречи и да се определи за казнива. Од друга страна, тие тврделе дека во времето на инцидентот тие исто така биле присутни на местото на настанот и дека пошле таму за да си ги побараат заостанатите плати и дека, според тоа, и тие биле жртви на кривичните дела сторени против другите триесет и петмина жалители.
116. Кога го одбил барањето на жалителите, јавниот обвинител на Амалијада објаснил дека ако тие навистина биле жртви на кривичните дела од нивните жалбени наводи, тие веднаш би пријавиле во полиција, уште на 17 април 2013 година, како што направиле и другите триесет и петмина, а немало да чекаат до 8 мај 2013 година. Според него, тврдењето дека жалителите биле исплашени и дека ги напуштиле колибите не било веродостојно, бидејќи се наоѓале близу местото на инцидент и, кога пристигнала полицијата, тие можеле да се вратат за да ги обзнанат своите жалбени наводи. Тој понатаму забележал дека само четворица од сто и двајцата жалители изјавиле дека биле повредени и дека, за разлика од триесет и петтемина работници споменати погоре, ниту еден од тие четворица работници не пошол во болница. Конечно, тој забележал дека сите жалители изјавиле дека дале искази во полицијата откако дознале дека ќе добијат дозвола за престој како жртви на трговија со луѓе.
117. Јасно е од погоре споменатите причини наведени во одлуката на јавниот обвинител од 4 август 2014 година дека одбивањето на жалбата на жалителите било засновано на разгледувањето на наводниот напад, а особено на присуството на жалителите на 17 април 2013 година на местото на инцидентот и на прашањето дали во нив било пукано и дали биле повредени. Во одлуката не се содржи ништо што би покажало дали обвинителот навистина ги испитал сите аспекти на жалбата на жалителите што се однесуваат на трговија со луѓе и присилна работа. Судот забележува дека полицијата го испрашувала секој од дваесет и еден жалител, кои потпишале белешки со своите искази, што биле дадени под заклетва и биле придружени со нивните фотографии, и овие искази биле проследени до јавниот обвинител (види став 13 погоре).
118. Судот е на мислење дека, пропуштајќи да провери дали наводите на оваа група жалители се основани, јавниот обвинител направил пропуст во својата задача да спроведе истрага, иако ги имал фактичките докази кои посочуваат дека овие жалители работеле за истиот работодавач како и жалителите кои биле странки во постапката пред Поротниот суд, и дека нивните работни услови мора да биле исти.
119. Судот понатаму констатира дека, одбивајќи го барањето на оваа група жалители врз основа на тоа што, меѓу другото, нивната жалба до полицијата била задоцнета, јавниот обвинител ја занемарил регулаторната рамка која ја уредува трговијата со луѓе. Член 13 од Конвенцијата на Советот на Европа против трговијата со луѓе предвидува „период на одлучување и закрепнување“ од најмалку триесет дена за засегнатото лице да може да закрепне и да побегне од влијанието на трговците со луѓе и свесно да донесе одлука за соработување со надлежните органи (види став 42 погоре).
120. Во светло на претходно кажаното, Судот го одбива приговорот на Владата за статусот на жртва на оние жалители кои не учествувале во постапката пред Поротниот суд и констатира дека дошло до повреда на член 4 § 2 од Конвенцијата врз основа на процесната обврска за водење на делотворна истрага во состојба на трговија со луѓе на којашто се пожалиле овие жалители.
(β) Што се однесува до жалителите кои биле странки во постапката пред Поротниот суд
121. Судот напоменува дека Поротниот суд во Патра ги ослободил обвинетите од обвинението за трговија со луѓе, особено констатирајќи дека работниците не биле апсолутно неспособни да се заштитат себеси и дека не им била компромитирана слободата на движењето, врз основа на тоа што биле слободни да ги напуштат работните места (види став 26-27 погоре). Сепак, Судот е на мислење дека ограничувањето на слободата на движењето не е предуслов за состојбата да се окарактеризира како присилна работа, па дури и трговија со луѓе. Меродавниот облик на ограничување на слободата не се однесува на вршењето на самата работа туку на одредени аспекти од животот на жртвата на состојбата која претставува повредува член 4 од Конвенцијата, а особено на состојбата на ропска зависност. По таа точка, Судот го повторува својот наод дека Поротниот суд во Патра применил тесно толкувањето на поимот за трговија со луѓе, потпирајќи се на елементите специфични за ропска зависност со цел да се избегне карактеризирањето на состојбата на жалителите како трговија со луѓе (види став 100 погоре). Сепак, состојбата на трговија со луѓе може да постои и покрај слободата на движење на жртвата.
122. Поротниот суд на Патра не само што ги ослободил обвинетите од обвинението за трговија со луѓе, туку и ја ублажил затворската казна изречена против двајцата од нив за тешка телесна повреда во парична казна во износ од по 5 ЕУР за ден затвор.
123. Освен тоа, во овој случај, Судот забележува дека јавниот обвинител од Касациониот суд одбил да вложи жалба по точки од законот против ослободувањето од обвинение. На наводите од адвокатите на работниците дека Поротниот суд не го испитал правилно обвинението за трговија со луѓе, јавниот обвинител одговорил без некое понатамошно образложение дека „не [биле] исполнети законските услови за вложување жалба по точки од законот“ (види став 30-31 погоре).
124. Конечно, Судот констатира дека, иако Т.А. и еден од вооружените стражари биле прогласени за виновни за нанесување на тешка телесна повреда, Поротниот суд само им наредил да платат надомест во износ од 1.500 ЕУР, односно 43 ЕУР по повреден работник (види став 22 погоре). Сепак, член 15 од Конвенцијата на Советот на Европа против трговијата со луѓе ги обврзува Државите членки, вклучително и Грција, во своето домашно право да обезбедат право на жртвите да добијат надоместок од сторителите на кривичното дело, и да преземат чекори, меѓу другото, за основање на фондот за обесштетување на жртвите.
125. Имајќи го во предвид претходно кажаното, Судот констатира дека дошло до повреда на член 4 § 2 од Конвенцијата како последица на процесната обврска на Државата да гарантира делотворна истрага и судска постапка во однос на состојбите на трговија со луѓе и присилна работа на која се пожалиле жалителите.
(iv) Заклучок
126. Следствено дошло до повреда на член 4 § 2 врз основа на пропустот на одговорната Држава да ги исполни своите позитивни обврски согласно таа одредба, имено, обврските да се спречи спорната состојба на трговија со луѓе, да се заштитат жртвите, да се спроведе делотворна истрага за кривичните дела, и да се казнат оние што се одговорни за трговијата со луѓе.
II. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
127. Членот 41 од Конвенцијата гласи:
„Ако Судот констатира дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако домашното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот, доколку е потребно, ѝ досудува правично обештетување на оштетената страна.“
А. Штета
128. Во поглед на паричната штета, жалителите ги побараа своите заостанати плати, чиишто износи, помеѓу 400 ЕУР и 2.800 ЕУР, беа приложени кон нивната жалба до Судот. Тие изјавија дека нивните работодавачи не воделе евиденција за сработените часови за секого од нив, туку таа задача им ја делегирале на предводниците на екипите. Тие додадоа дека, пред Поротниот суд, јавниот обвинител се потпирал на нивното сведочење и дека надлежните органи не нашле за потребно истото да го проверат или доведат во прашање. Тие сметаа дека нивните заостанати плати имаат причинско-последична поврзаност со наводната повреда на член 4 од Конвенцијата: според нив, трговијата со луѓе и присилната работа што тие ја претрпеле било поврзано со пропустот на Државата да преземе превентивни мерки во тој поглед, а дека тоа што не биле обесштетени, било поврзано со пропустот на Државата да осигура казнување за присилната работа и да ги заштити жртвите.
129. Во поглед на непаричната штета, секој од жалителите кои беа повредени во инцидентот од 17 април 2013 година, побара 16.000 ЕУР, а од оние кои не беа повредени секој побара 12.000 ЕУР. Како поддршка на нивното барање, жалителите изјавија дека се наоѓале во состојба на беда поради тоа што биле потчинети на присилна работа, имајќи ги во предвид условите на таквата работа, кои тие ги опишаа како понижувачки. Тие додадоа дека биле цел на огнени истрели за време на погоре споменатиот инцидент и дека, некои од нив, биле повредени во таа прилика, покрај тоа што биле лишени од своите плати и од каква и да е делотворна заштита. Тие исто така изјавија дека, после инцидентот од 17 април 2013 година, неколкумина од нив останале во своите колиби, во надеж дека ќе им бидат исплатени платите, но тие повеќе не добивале ниту храна.
130. Во однос на наводната парична штета, Владата тврдеше дека барањето на жалителите нема причинско-последична поврзаност со наводната повреда на член 4 од Конвенцијата и дека истото е непрецизно. Според нив, жалителите не успеале да покажат дека побараните износи се основани и не објасниле зошто кај домашните судови не поднеле барање за односните износи согласно член 904 од Граѓанскиот законик, за незаконско збогатување.
131. Што се однесува до непаричната штета, Владата тврдеше дека оние жалители кои биле граѓански странки во постапката пред Поротниот суд имале право да поднесат барање до домашните судови за надомест на таквата штета. Таа беше на мислење дека барањата на жалителите пред Судот биле прекумерни и дека констатирањето на повредата на законот би претставувало достаточно правично задоволување. Владата додаде дека, доколку Судот најде за потребно да им досуди паричен износ, истиот не треба да надмине 5.000 ЕУР за секој од жалителите кои биле граѓански странки во погоре споменатата домашна постапка.
132. Судот упатува на својот наод дека дошло до повреда на член 4 од Конвенцијата врз основа на пропустот на одговорната Држава да ги исполни своите позитивни обврски согласно таа одредба, имено, да се спречи состојба на трговија со луѓе, да се заштитат жртвите, да се спроведе делотворна истрага за кривичните дела, и да се казнат оние што се одговорни за трговијата со луѓе. Судот нема сомневање дека жалителите претрпеле парична штетата како последица на неисплаќањето на нивните плати од страна на нивните работодавачи и на одлуката на Поротниот суд во Патра дека истите не се виновни за трговија со луѓе. Затоа, во врска со тоа, Судот смета дека е соодветно да им досуди обесштетување. Сепак, во околностите на случајот, Судот не е во можност да одреди специфична сума што треба да им се додели на секој од нив. Врз основа на правичност, Судот му досудува на секој од жалителите кои учествувале во постапката пред Поротниот суд, во поглед на паричната и непаричната штета што ја претрпеле, износ од 16.000 ЕУР, а на секој од другите жалителите по 12.000 ЕУР, зголемено за сите давачки кои евентуално би се наплатиле по основ на овие износи.
Б. Трошоци и издатоци
133. Жалителите исто така побараа 4.363,64 ЕУР за трошоци и издатоци на кои биле изложени пред домашните судови, имено, во постапката пред Поротниот суд за жалителите кои учествувале како граѓански странки, и пред јавниот обвинител за другите. За постапката пред Судот не побараа трошоци.
134. Владата тврдеше дека барањето на жалителите нема причинско-последична поврзаност со наводната повреда на член 4 од Конвенцијата. Таа понатаму тврдеше дека придружните документи во прилог на таквите барања не докажале дека побараните износи биле искористени за да се платат судските такси и дека било невозможно да се провери начинот на кој овие износи биле пресметани. Владата тврдеше дека, доколку Судот најде за потребно да се досуди паричен износ, истиот не треба да надмине 1.000 ЕУР.
135. Според судска пракса на Судот, жалителот има право на надомест на трошоците и издатоците само доколку се покаже дека истите биле навистина и нужно направени и се разумни во својата висина. Освен тоа, правните трошоци се надоместливи само доколку се однесуваат на констатираната повреда (види Beyeler v. Italy (just satisfaction) [GC], no. 33202/96, § 27, 28 May 2002). Конечно, согласно правилото 60 § 2 од Деловникот на Судот, потребно е да се достави расчленета пресметка за секое побарување, чиешто недоставување може да доведе до тоа Судот да го одбие барањето целосно или делумно (A, B and C v. Ireland [GC], no. 25579/05, § 281, ECHR 2010).
136. Имајќи ги во предвид околностите на случајот, документите што ги поседува и својата судска пракса, Судот им го досудува целосниот износ на жалителите за постапките пред домашните судови.
В. Затезна камата
137. Судот смета дека е соодветно затезната каматна стапка да се заснова на маргиналната кредитна стапка на Европската централна банка, зголемена за три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ, ЕДНОГЛАСНО,
1. Го спојува кон меритумот приговорот на Владата дека жалителите кои не учествувале во постапката пред Поротниот суд не биле жртви, и го одбива приговорот;
2. Ја прогласува жалбата за допуштена;
3. Одлучува дека дошло до повреда на член 4 § 2 од Конвенцијата;
4. Одлучува
(а) дека одговорната Држава треба да им ги плати на жалителите, во рок од три месеци од датумот на кој пресудата станува правосилна согласно член 44 § 2 од Конвенцијата, следниве износи:
(i) на секој од жалителите кои биле странки во постапката пред Поротниот суд (имено, жалителите наведени под броевите 4, 6, 7, 8, 9, 14, 15, 19, 20, 21, 22, 23, 24, 25, 26, 28, 29, 33, 38, 39 и 42) износ од 16.000 ЕУР (шеснаесет илјади евра), а на секој од другите жалители (наведени под броевите 1, 2, 3, 5, 10, 11, 12, 13, 16, 17, 18, 27, 30, 31, 32, 34, 35, 36, 37, 40 и 41) износ од 12.000 ЕУР (дванаесет илјади евра), за сите претрпени штети, зголемено за сите давачки кои евентуално би се наплатиле по основ на овие износи;
(ii) заедно на жалителите, 4.363,64 ЕУР (четири илјади три стотини и шеесет и три евра и шеесет и четири центими), зголемено за сите давачки кои евентуално би се наплатиле по основ на овој износ, за трошоците и издатоците.
(б) дека по истекот на погоре споменатиот рок од три месеци до исплатата ќе се наплати проста камата на погорните износи по стапка еднаква на маргиналната кредитна стапка на Европската централна банка за време на периодот на задоцнување, зголемено за три процентни поенти.
5. Го одбива остатокот од барањето на жалителите за правично задоволување.
Изготвено на англиски јазик, и доставено написмено на 30 март 2017 година, согласно правилото 77 §§ 2 од Деловникот на Судот.
Abel CamposKristina Pardalos
СекретарПретседател
ПРИЛОГ
Список на жалители
Бр.
Име
ПРЕЗИМЕ
Година на раѓање
Место на престој
Morshed CHOWDURY
1982
Атина
Jalil ABDUL
1981
Атина
Kaer (khayer) ABUL (ABDUL)
1983
Атина
Md (ali) ALI (MD)
1982
Неа Манолада
Murad ALIMIR
1993
Атина
Sidik ASIK
1985
Неа Манолада
Mohamed (bablu) BABLU (MD)
1986
Неа Манолада
Md Mitu (mitu) BIYAM (BIYA)
1988
Неа Манолада
Md Royal CHOWDURY
1986
Неа Манолада
Md FORHAD (FARHAD)
1988
Атина
Shike (sheikh) HAMAUIN (MD HAMAUIN)
1987
Атина
Johir HASAN
1981
Атина
Billal (billal) HUSSEIN (MD HOSSEN)
1984
Атина
Miah KADIR
1988
Неа Манолада
Mahamad (mohamad) MAHBUB
1976
Неа Манолада
Mohamad (md) MAMUN
1988
Атина
Julhas MD
1985
Атина
Monir MD
1988
Атина
Ruyel (md Ryel) MD (AHMAD)
1986
Неа Манолада
Jewel (md) MD (JEWEL)
1982
Неа Манолада
Masud Khan (md Masud) MD (KHAN)
1987
Неа Манолада
Romuzzaman (md Romoz) MD (ZAMAN)
1981
Неа Манолада
Rob (abdul Rab) MD ABUR (MOHAMAD)
1981
Неа Манолада
Miah (amial Miah) MD AWAL (MOHAMED)
1987
Неа Манолада
Miah (md Kamal) MD KAMAL (MIAH)
1988
Неа Манолада
Uddin (md Nijam) MD NIZZAM (UDDIN)
1981
Неа Манолада
Oli MIA
1989
Атина
Afzal MIAH
1987
Неа Манолада
Ripon MIAH
1987
Неа Манолада
Jangir MIHA
1987
Атина
Sofik MIHA
1990
Атина
Kamrul MIHA (MIAH)
1982
Атина
Sumon MOHAMAT
1987
Неа Манолада
Muhammad Rabiul (mohammad Raolbiol) MOJUNDAR
1981
Атина
Imran MULLA (MD MOLLA)
1987
Атина
Gabru (kabru) NURUL
1981
Атина
Howdfar RAZUL
1980
Атина
Ahmed (salim) SALIM (AHMED)
1982
Неа Манолада
Molla (sawon) SAWON (MOLLA)
1988
Неа Манолада
Harun SHEK (SHEKH)
1988
Атина
Md (mohammed) TUFAJJOL (TOHAJUL)
1982
Атина
Miah (md Uzzol) UZZOL (MD UZZOL)
1977
Неа Манолада
Full & Egal Universal Law Academy