© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СОВЕТ
ПРЕДМЕТ CHIRAGOV И ДРУГИ против ЕРМЕНИЈА
(Жалба бр. 13216/05)
ПРЕСУДА
(Основаност)
СТРАЗБУР
16 јуни 2015 г.
Оваа пресуда може да биде предмет на редакциски измени.
Во предметот Chiragov и други против Ерменија,
Европскиот суд за човекови права, заседавајќи како Голем совет составен од следниве судии:
Dean Spielmann, Претседател,
Josep Casadevall,
Guido Raimondi,
Mark Villiger,
Isabelle Berro,
Ineta Ziemele,
Boštjan M. Zupančič,
Alvina Gyulumyan,
Khanlar Hajiyev,
George Nicolaou,
Luis López Guerra,
Ganna Yudkivska,
Paulo Pinto de Albuquerque,
Ksenija Turković,
Egidijus Kūris,
Robert Spano,
Iulia Antoanella Motoc, судии,
и Michael O’Boyle, заменик секретар,
По заседавањето без присуство на јавноста на 22-23 јануари 2014 година и на 22 јануари 2015 година,
Ја изрекува следнава пресуда, што беше донесена на последно наведениот датум:
ПОСТАПКА
1. Предметот произлегува од жалбата (бр. 13216/05) против република Ерменија, поднесена пред Судот во согласност со член 34 на Конвенцијата за заштита на човековите права и на основните слободи („Конвенцијата“) од страна на шест државјани на Азербејџан, г. Elkhan Chiragov, г. Adishirin Chiragov, г. Ramiz Gebrayilov, г. Akif Hasanof, г. Fekhreddin Pashayev и г. Qaraca Gabrayilov („жалители“) на 6 април 2005 година. Шестиот жалител умрел во јуни 2005 година. Жалбата беше водена во негово име од страна на неговиот син, г. Sagatel Gabrayilov.
1. Жалителите, на кои што им беше доделена правна помош, беа застапувани од г. M. Muller QC, г-ѓа C. Vine, г-ѓа M. Butler, г. M. Ivers, г-ѓа B. Poynor и г. S. Swaroop, адвокати што работат во Лондон, како и од г. K. Yıldız. Владата на Ерменија („Владата“) беше застапувана од својот застапник, г. G. Kostanyan, Застапник на Република Ерменија пред Судот.
2. Жалителите тврделе, особено, дека биле спречени да се вратат во реонот Лачин (Lachin) на територијата што била окупирана од тужената Држава, и дека, според тоа, не можеле да го користат правото на уживање на својата сопственост и домовите што се наоѓале таму и дека не добиле никаков надоместок за своите загуби. Тие тврделе дека ова значело континуирани повреди на член 1 од Протокол бр. 1 на Конвенцијата и на Член 8 на Конвенцијата. Покрај тоа, тие тврделе дека постои повреда на член 13 на Конвенцијата поради непостоењето на ефективен правен лек во однос на горенаведените жалби. Конечно, тие тврделе, во однос на сите горенаведени жалби, дека биле предмет на дискриминација врз основа на нивното етничко потекло и верската припадност, што претставува повреда на член 14 на Конвенцијата.
3. Жалбата била доделена на Третиот оддел на Судот (Правило 52 § 1 од Деловникот на Судот). Владата на Азербејџан го искористила своето право да интервенира во согласност со член 36 § 1 на Конвенцијата. Таа била застапувана од својот застапник, г. C. Asgarov.
4. На 9 март 2010 година Советот на Третиот оддел, составен од судиите Josep Casadevall, Elisabet Fura, Corneliu Bîrsan, Boštjan M. Zupančič, Alvina Gyulumyan, Egbert Myjer и Luis López Guerra, како и Stanley Naismith, заменик секретар на Одделот, му ја отстапи надлежноста на Големиот совет, при што ниедна од страните не се спротивстави на таквото отстапување (член 30 на Конвенцијата и Правило 72).
5. Составот на Големиот совет беше утврден во согласност со одредбите на член 26 §§ 4 и 5 на Конвенцијата и Правилото 24 од Деловникот на Судот. Претседателот на Судот одлучи дека, во интерес на правилното делење на правдата, овој предмет и предметот Sargsyan v. Azerbaijan (жалба бр. 40167/06) треба да му се доделат на истиот состав на Големиот совет (Правила 24, 42 § 2 и 71).
6. Јавната расправа за допуштеноста и основаноста на жалбата се одржа во Зградата за човекови права, Стразбур, на 15 септември 2010 година (Правило 59 § 3).
7. На 14 декември 2011 година беше прогласена за допуштена од страна на Големиот совет составен од судиите Nicolas Bratza, Jean-Paul Costa, Christos Rozakis, Françoise Tulkens, Josep Casadevall, Nina Vajić, Corneliu Bîrsan, Peer Lorenzen, Boštjan M. Zupančič, Elisabet Fura, Alvina Gyulumyan, Khanlar Hajiyev, Egbert Myjer, Sverre Erik Jebens, Giorgio Malinverni, George Nicolaou и Luis López Guerra, како и Michael O’Boyle, заменик секретар.
8. Жалителите и тужената Држава поднеле дополнителни забелешки во писмена форма (Правило 59 § 1) во врска со основаноста. Покрај тоа, биле примени коментари од трети страни од Владата на Азербејџан.
9. Јавната расправа за основаноста се одржала во Зградата за човекови права, Стразбур, на 22 јануари 2014 година.
Пред Судот се појавиле:
(а) за тужената Држава
Г.G. Kostanyan,Застапник,
Г.G. Robertson, QC,Адвокат,
Г.E. Babayan,
Г.T. Collis,Советници;
(б) за жалителите
Г.M. Muller, QC,
Г.M. Ivers,
Г.S. Swaroop,
Г-ѓаM. Butler,Адвокати,
Г-ѓаC. Vine,
Г-ѓаB. Poynor,
Г-ѓаS. Karakaş,
Г-ѓаA. Evans,Советници;
(в) за Владата на Азербејџан
Г.C. Asgarov,Застапник,
Г.M.N. Shaw, QC,
Г.G. Lansky, Адвокати,
Г.O. Gvaladze,
Г.H. Tretter,
Г-ѓаT. Urdaneta Wittek,
Г. O. Ismayilov, Советници.
Биле присутни, исто така, жалителите A. Hasanof и F. Pashayev.
Судот ги сослуша обраќањата на г. Muller, г. Swaroop, г. Ivers, г-ѓа Butler, г. Robertson, г. Shaw и г. Lansky.
10. По расправата, Судот одлучи дека за испитувањето на предметот не е потребно да спроведе мисија за утврдување на фактичката состојба или да спроведе сослушување на сведоци.
ФАКТИЧКА СОСТОЈБА
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА ПРЕДМЕТОТ
А. Историска заднина
11. Во времето на распаѓањето на СССР, Нагорно-Карабахската Автономна Област („НКАО“) беше автономна покраина на Советската Социјалистичка Република Азербејџан („ССР Азербејџан“). Сместена на територијата на ССР Азербејџан, НКАО се простираше на површина од 4.388 квадратни километри. Во тоа време не постоела заедничка граница меѓу областа Нагорно-Карабах (позната и како Арцах според својот ерменски назив) и Советската Социјалистичка Република Ерменија („ССР Ерменија“), кои што биле раздвоени од азербејџанска територија и биле најблиску една до друга во реонот Лачин, вклучувајќи го појасот што се често се нарекува „Лачински коридор“ и е широк помалку од десет километри.
12. Во согласност со пописот во СССР од 1989 година, НКАО имала 189.000 жители, составено од 77% етнички Ерменци и 22% етнички Азери, со руски и курдски малцинства. Реонот Лачин имал различен демографски состав, при што мнозинството од неговите приближно 60.000 жители биле Курди и Азери. Само 5-6% биле Ерменци.
13. На почетокот на 1988 година се одржале демонстрации во Степанакерт, регионалниот главен град на НКАО, како и во Ереван, главниот град на Ерменија, со кои што се барало приклучување на Нагорно-Карабах кон Ерменија. На 20 февруари Советот на НКАО поднел барање до Врховните совети на ССР Ерменија, ССР Азербејџан и на СССР да и се дозволи на НКАО да се отцепи од Азербејџан и да и се приклучи на Ерменија. Барањето било одбиено од Врховниот совет на СССР на 23 март. Во јуни тоа било одбиено, исто така, од Врховниот совет на Азербејџан, додека пак неговиот еквивалент во Ерменија гласал за обединување.
14. Во текот на 1988 години продолжиле демонстрациите што барале обединување. Реонот Лачин бил предмет на блокади на патиштата и напади. Судирите довеле до многу жртви и проток на стотици илјади бегалци на двете страни меѓу Ерменија и Азербејџан. Како последица на тоа, на 12 јануари 1989 година Владата на СССР ја стави НКАО под директна управа на Москва. Меѓутоа, на 28 ноември истата година, контролата врз покраината му беше вратена на Азербејџан. Неколку дена подоцна, на 1 декември, Врховниот совет на ССР Ерменија и регионалниот совет на Нагорно-Карабах донесоа заедничка резолуција „За повторно обединување на Нагорно-Карабах со Ерменија“. Како резултат на оваа резолуција во јануари 1990 година беше донесен заеднички буџет на двата ентитети и пролетта истата година беше донесена одлука за вклучување на Нагорно-Карабах во претстојните избори во Ерменија.
15. На почетокот на 1990 година, по ескалацијата на конфликтот, во Баку и во Нагорно-Карабах биле распоредени советски војници и во покраината била прогласена вонредна состојба. Меѓутоа, насилните судири меѓу Ерменците и Азерите продолжиле, со повремени интервенции на советските сили.
16. На 30 август 1991 година Азербејџан прогласил независност од Советскиот Сојуз. Ова било последователно формализирано преку донесувањето на Уставниот акт за државна независност на 18 октомври. На 2 септември Советот на НКАО го објавил основањето на Република Нагорно-Карабах (во натамошниот текст „РНК“), што се состоела од територијата на НКАО и округот Шахумијан во Азербејџан и прогласил дека повеќе не е под азербејџанска надлежност. На 26 ноември парламентот на Азербејџан ја укинал автономијата што претходно ја уживала областа Нагорно-Карабах. На референдум што бил организиран во Нагорно-Карабах на 10 декември, 99,9% од лицата што учествувале гласале за отцепување. Меѓутоа, азерското население го бојкотирало референдумот. Истиот месец Советскиот Сојуз се распуштил и советските трупи започнале да се повлекуваат од регионот. Воената контрола врз Нагорно-Карабах забрзано била преземана од карабахските Ерменци. На 6 јануари 1992 година РНК, со оглед на резултатите на референдумот, ја потврдила својата независност од Азербејџан.
17. На почетокот на 1992 година конфликтот постепено прераснал во вистинска војна. Етничките Ерменци освоиле неколку азерски села, што довело до најмалку неколку стотици загинати и заминување на населението.
18. Реонот Лачин, и особено градот Лачин, биле нападнати многу пати. Жалителите тврделе дека нападите биле извршени од страна на војска како од Нагорно-Карабах, така и од Република Ерменија. Меѓутоа, тужената Држава останала на тврдењето дека Ерменија не учествувала во настаните и дека воената акција вбила извршена од страна на одбранбените сили на Нагорно-Карабах и од групи доброволци. Речиси осум месеци во 1991 година патиштата до Лачин биле под контрола на вооружените сили од ерменско етничко потекло кои ги екипирале и контролирале контролните пунктови. Градот Лачин станал целосно изолиран. Во средината на мај 1992 година Лачин бил предмет на воздушно бомбардирање, при што биле уништени многу куќи.
19. На 17 мај 1992 година, увидувајќи дека војската брзо напредува кон Лачин, селаните побегнале. Следниот ден градот Лачин бил освоен од силите со ерменска етничка припадност. Се чини дека градот бил пљачкосан и запален во деновите што следеле по преземањето. Врз основа на информациите што тужената Држава ги добила од властите на „РНК“, градот Лачин и околните села Агбулах, Чираг и Чирагли биле целосно уништени во текот на воениот судир.
20. Во јули 1992 година ерменскиот парламент донел декрет дека нема да потпише каков било меѓународен договор што предвидува дека Нагорно-Карабах останува дел од Азербејџан.
21. Врз основа на извештајот на „Хјуман Рајтс Воч“ (ХРВ) („Седумгодишниот конфликт во Нагорно-Карабах“, декември 1994 година), освојувањето на реонот Лачин создало приближно 30.000 раселени лица – Азери, при што голем број од нив биле лица со курдско потекло.
22. По преземањето на Лачин, етничките ерменски сили продолжиле со акцијата и освоиле уште четири азербејџански реони во окружувањето на Нагорно-Карабах (Келбаџар, Џабрајил, Губадли и Зангилан) и значителни делови од два други реони (Агдам и Физули).
23. На 5 мај 1994 година е потпишан договор за примирје (Бишкекски протокол) меѓу Ерменија, Азербејџан и „РНК“ со руско посредување. Договорот влегол во сила на 12 мај.
24. Во согласност со горенаведениот извештај на ХРВ, се проценува дека во периодот меѓу 1988 и 1994 година 750.000–800.000 Азери биле присилени да ги напуштат Нагорно-Карабах, Ерменија и седумте азербејџански реони во околината на Нагорно-Карабах. Според информациите од ерменските власти, биле регистрирани 335.000 ерменски бегалци од Азербејџан и 78.000 внатрешно раселени лица (од регионите во Ерменија што граничат со Азербејџан).
Б. Тековна ситуација
25. Според тужената Држава, „РНК“ контролира 4.061 километри квадратни од поранешната Нагорно-Карабахска Автономна Област. Иако прашањето колку од двата делумно освоени реони се окупирани од страна на „РНК“ е предмет на расправа, се чини дека окупираната територија на седумте околни реони вкупно изнесува приближно 7.500 километри квадратни.
26. Процените за денешното население на Нагорно-Карабах се движат од 120.000 до 145.000 луѓе, при што 95% од нив се етнички Ерменци. Практично воопшто не останале Азербејџанци. Реонот Лачин има население што брои меѓу 5.000 и 10.000 Ерменци.
27. Досега не е постигнато никакво политичко решение за конфликтот. Самопрогласената независност на „РНК“ не е признаена од ниедна држава или меѓународна организација. Периодичните кршења на договорот за примирје од 1994 година по должината на границата доведоа до загуба на голем број животи и реториката на државните функционери останува непријателска. Покрај тоа, во согласност со меѓународните извештаи, во последниве години се заоструваат тензиите и воените издатоци на Ерменија и Азербејџан се зголемиле значително.
28. Неколку предлози за мирно решавање на конфликтот беа неуспешни. Се водеа преговори под закрилата на ОБСЕ (Организација за безбедност и соработка во Европа) и нејзината таканаречена Група Минск. Во ноември 2007 година во Мадрид, трите сопретседавачи на Групата – Франција, Русија и Соединетите Американски Држави – им претставија на Ерменија и Азербејџан низа Основни принципи за решавање на судирот. Основните принципи, што беа дополнително ажурирани, повикуваат, inter alia, на враќање на териториите околу Нагорно-Карабах под азербејџанска контрола, давање привремен статус на Нагорно-Карабах што обезбедува гаранции за сигурност и самоуправа, коридор што ги поврзува Ерменија и Нагорно-Карабах, утврдување на идниот конечен правен статус на Нагорно-Карабах преку правно обврзувачки референдум, право на сите внатрешно раселени лица и бегалци да се вратат во своите поранешни живеалишта и меѓународни безбедносни гаранции што би вклучувале операција за одржување на мирот. Идејата е дека прифаќањето на овие принципи од страна на Ерменија и Азербејџан би овозможило изготвување на сеопфатно и детално решение. По интензивната шатл дипломатија на дипломатите од Групата Минск и бројните состаноци меѓу претседателите на двете земји во 2009 година, процесот го изгуби замавот во 2010 година. Засега страните во судирот не потпишаа формална спогодба за Основните принципи.
29. На 24 март 2011 година Групата Минск претстави „Извештај од теренската мисија за процена на сопретседавачите на Групата Минск на ОБСЕ на окупираните територии на Азербејџан околу Нагорно-Карабах“, чие што извршно резиме гласи како што следува:
„Сопретседавачите на Групата Минск на ОБСЕ спроведоа теренска мисија за процена во седумте окупирани територии на Азербејџан во околината на Нагорно-Карабах (НК) во периодот од 7 до 12 октомври 2010 година за да ја проценат севкупната ситуација таму, вклучувајќи ги хуманитарните и останатите аспекти. На сопретседавачите им се приклучија Личниот претставник на Актуелниот претседавач на ОБСЕ и неговиот тим, кои обезбедија логистичка поддршка, како и два експерти од УНХЦР и еден член на Мисијата на ОБСЕ од 2005 година за утврдување на фактичката состојба. Ова беше првата мисија на меѓународната заедница во териториите по 2005 година и прва посета од страна на персоналот на ОН по 18 години.
Патувајќи повеќе од 1.000 километри насекаде низ териториите, сопретседавачите видоа впечатливи докази за катастрофалните последици од судирот во Нагорно-Карабах и неуспешното наоѓање мирно решенија. Градовите и селата што постоеле пред судирот се напуштени и речиси целосно разрушени. Иако не постојат веродостојни податоци, според грубите процени севкупното население брои 14.000 лица што живеат во мали населени места и во градовите Лачин и Келбаџар. Сопретседавачите оценија дека немало значителен раст на населението по 2005 година. Доселениците, во најголема мера етнички Ерменци што биле релоцирани во териториите од други места во Азербејџан, живеат во несигурни услови, со лоша инфраструктура, слаба економска активност и ограничен пристап до јавните услуги, Голем број од нив немаа документи за идентификација. За административни цели, седумте територии, поранешната НК Област и останатите области се организирани во осум нови реони.
Суровата реалност на ситуацијата во рамките на териториите го зацврсти ставот на сопретседавачите дека задржувањето на тековната состојба е неприфатливо и дека единствено мирното решение постигнато преку преговори може да донесе перспектива за подобра и посигурна иднина на луѓето што порано живееле во териториите и за оние што сега живеат таму. Сопретседавачите ги повикуваат лидерите на сите страни да избегнуваат какви било активности во териториите и останатите области што се предмет на спор што би ги довеле во прашање коченото решавање на судирот или би го промениле карактерот на овие области. Тие препорачуваат, исто така, да се преземат мерки за зачувување на гробиштата и местата во кои се врши богослужба во териториите и да се разјасни статусот на доселениците што не поседуваат документи за идентификација. Сопретседавачите имаат намера да спроведат дополнителни мисии во другите области што се погодени од судирот во НК и во таквите мисии да вклучат експерти од релевантните меѓународни агенции што би биле вклучени во спроведувањето на мировниот договор.“
30. На 18 јуни 2013 година Претседатели на земјите-сопретседавачи со Групата Минск дадоа заедничка изјава за судирот во Нагорно-Карабах:
„Ние, Претседателите на земјите што сопретседаваат со Групата Минск на ОБСЕ – Франција, Руската Федерација и Соединетите Американски Држави – остануваме посветени на помагање на страните во судирот во Нагорно-Карабах во постигнувањето на долгорочно и мирно решение на судирот. Го изразуваме нашето длабоко жалење што, наместо да се обидуваат да најдат решение што се заснова врз заемните интереси, страните продолжуваат да бараат еднострани предности во процесот на преговори.
И понатаму сме цврсто уверени дека елементите што се содржани во изјавите на нашите земји во текот на последните четири години мора да претставуваат основа за какво било правично и трајно решение за судирот во Нагорно-Карабах. Овие елементи треба да се сметаат за интегрална целина и секој обид да се издвои некој елемент од останатите ќе го направи невозможно постигнувањето на балансирано решение.
Повторуваме дека само решението што е добиено преку преговори може да доведе до мир, стабилност и помирување и да отвори можности за регионален развој и соработка. Употребата на воена сила што веќе ја создаде тековната состојба на конфронтации и нестабилност нема да го реши судирот. Обновувањето на непријателствата би било катастрофално за населението во регионот и би довело до загубени животи, нови разурнувања, дополнителни бегалци и огромни финансиски трошоци. Сериозно ги повикуваме лидерите на сите страни повторно да се обврзат на исполнување на принципите од Хелсинки, особено на оние што се однесуваат на неупотребата на сила или закани за употреба на сила, територијалниот интегритет и еднаквите права и самоопределувањето на луѓето. Исто така, апелираме да се воздржат од какви било активности или реторики што би можеле да ги зголемат тензиите во регионот и да доведат до ескалација на судирот. Лидерите треба да ги подготвуваат своите луѓе за мир наместо за војна.
Нашите земји остануваат подготвени да им помогнат на страните, но одговорноста за ставањето крај на судирот во Нагорно-Карабах останува нивна. Цврсто сме уверени дека натамошните одлагања на постигнувањето балансирана спогодба за рамката за сеопфатен мир се неприфатливи и ги повикуваме лидерите на Азербејџан и Ерменија да се фокусираат со нова енергија на прашањата што остануваат нерешени.“
В. Жалителите и имотот што наводно го поседуваат во реонот на Лачин
31. Жалителите изјавија дека се азербејџански Курди што живееле во реонот на Лачин, каде што нивните предци живееле со векови. На 17 мај 1992 година тие биле присилени да побегнат од реонот во Баку. Оттогаш тие не можеле да се вратат во своите домови и на своите имоти поради ерменската окупација.
1.Г. Elkhan Chiragov
33. Г. Elkhan Chiragov е роден во 1950 година. Тој живеел во реонот на Лачин. Во првичната жалба се спомнувало дека тој живеел во селото Чираг, но во одговорот на забелешките на Владата било наведено дека точниот назив на селото каде што живеел било Чирагли, каде што тој работел како учител во период од 15 години. Тој тврдел дека неговиот имот вклучувал голема наместена куќа со површина од 250 метри квадратни, 55 кошници пчели, 80 грла ситна стока и девет грла крупна стока и пет рачно ткаени килими.
32. На 27 февруари 2007 година, заедно со одговорот на жалителот на забелешките на тужената Држава, тој поднел службена потврда („технички пасош“) од 19 јули 1985 година, според која на негово име биле регистрирани двокатна куќа со 12 спални соби и вкупна површина од 408 метри квадратни (со станбен простор од 300 метри квадратни и помошни простории со површина од 108 метри квадратни) и стовариште од 60 метри квадратни, сместени на земјишна парцела од 1200 метри квадратни.
35. Исто така, тој доставил и изјава од тројца поранешни соседи, кои потврдиле дека тој поседувал двокатна куќа со 16 соби и површина од 260 метри квадратни и автомобил, како и изјава од A. Jafarov и A. Halilov, претставници на Извршната власт на Република Азербејџан во градот Лачин, кои изјавиле дека г. Elkhan Chiragov порано живеел во селото Чирагли.
33. Пред Големиот совет жалителот поднел, inter alia, извод од матична книга на венчаните, според која што тој бил роден во Чирагли и таму склучил брак во 1978 година, изводи од матична книга на родените за синот и за ќерката, родени во Чирагли во 1979 и 1990 година, соодветно, како и писмо од 1979 година и работничка книшка од 1992 година, издадени од страна на Одделението за образование на реонот Лачин, што покажуваат дека тој работел како учител во Чирагли.
2. Г. Adishirin Chiragov
37. Г. Adishirin Chiragov е роден во 1947 година. Тој живеел во реонот на Лачин. Во првичната жалба се спомнувало дека тој живеел во селото Чираг, но во одговорот на забелешките на Владата било наведено дека точниот назив на селото каде што живеел било Чирагли, каде што тој работел како учител во период од 20 години. Тој тврдел дека неговиот имот вклучувал голема наместена куќа со површина од 145 метри квадратни, нов автомобил „Нива“, 65 грла ситна стока и 11 грла крупна стока и шест рачно ткаени килими.
34. На 27 февруари 2007 година тој поднел технички пасош издаден на 22 април 1986 година, според кој што на негово име биле регистрирани двокатна куќа со осум спални соби и вкупна површина од 230,4 метри квадратни (станбен простор од 193,2 метри квадратни и помошни простории од 37,2 метри квадратни) и стовариште од 90 метри квадратни, сместени на земјишна парцела од 1200 метри квадратни.
35. Исто така, тој доставил и изјава од тројца поранешни соседи, кои потврдиле дека тој поседувал двокатна куќа со осум соби, како и изјава од A. Jafarov и A. Halilov, претставници на Извршната власт на Република Азербејџан во градот Лачин, кои изјавиле дека г. Adishirin Chiragov порано живеел во селото Чирагли.
35. Пред Големиот совет жалителот поднел, inter alia, извод од матична книга на венчаните, според која што тој бил роден во Чирагли и таму склучил брак во 1975 година, изводи од матична книга на родените за синот и двете ќерки, сите родени во Чирагли во 1977, 1975 и 1982 година, соодветно, како и пасош на СССР издаден во 1981 година во кој е наведено Чирагли како место на раѓање и регистарски печат од 1992 година што го наведува селото Чирагли како место на живеење.
3. Г. Ramiz Gebrayilov
41. Г. Ramiz Gebrayilov е роден во Чирагли во 1960 година. Во 1988 година тој дипломирал на Политехничкиот институт во Баку. Во 1983 година, додека сè уште студирал во Баку, го посетил градот Лачин и добил земјишна парцела од 5.000 метри квадратни од Државата. Тој тврдел дека на таа парцела изградил семејна куќа со шест спални соби и гаража и дека таму живеел со сопругата и децата сè додека на бил присилен да замине во 1992 година. На парцелата имало и неколку плевни за стока. Тој поседувал и претпријатие за поправка на автомобили со назив „Авто Сервис“, продавница и кафеана што се наоѓале на дополнително земјиште од 5.000 метри квадратни во негова сопственост. Дополнително, тој имал 12 крави, 70 јагниња и 150 овци.
42. Г. Gebrayilov не можел да се врати во Лачин по своето заминување во 1992 година. Во 2001 година негови пријатели од Ерменија отишле во Лачин и направиле видеозапис на состојбата на куќите во градот. Според жалителот, тој можел да види од видео записот дека неговата куќа изгорела. Исто така, тој бил информиран од луѓе што го напуштиле Лачин по него дека неговата куќа била запалена од ерменските сили неколку дена откако тој го напуштил Лачин.
36. На 27 февруари 2007 година г. Gebrayilov поднел технички пасош издаден на 15 август 1986 година, според кој што на негово име биле регистрирани двокатна куќа со осум спални соби и вкупна површина од 203,2 метри квадратни (станбен простор од 171,2 метри квадратни и помошни простории од 32 метри квадратни), сместени на земјишна парцела од 480 метри квадратни.
35. Исто така, тој доставил и изјава од тројца поранешни соседи, кои потврдиле дека тој поседувал двокатна куќа со осум соби, како и изјава од V. Maharramov, претставник на Извршната власт на Република Азербејџан во градот Лачин, кој изјавил дека г. Gebrayilov порано живеел во сопствената куќа во Лачин.
37. Пред Големиот совет жалителот поднел, inter alia, извод од матична книга на родените и извод од матична книга на венчаните, според кои тој бил роден во Чирагли и таму склучил брак во 1982 година, изводи од матична книга на родените за ќерката и двата сина, сите родени во Лачин во 1982, 1986 и 1988 година, соодветно, како и војничка книшка издадена во 1979 година.
4. Г. Akif Hasanof
38. Г. Akif Hasanof е роден во 1959 година во селото Агбулах во реонот Лачин. Тој работел како учител во период од 20 години таму. Тој тврдел дека неговиот имот вклучувал голема опремена куќа од 165 метри квадратни, нов автомобил „Нива“, 100 грла ситна стока и 16 грла крупна стока и 20 рачно ткаени килими.
39. На 27 февруари 2007 година тој поднел технички пасош издаден на 13 септември 1985 година, според кој што на негово име биле регистрирани двокатна куќа со девет спални соби и вкупна површина од 448,4 метри квадратни (станбен простор од 223,2 метри квадратни и помошни простории од 225,2 метри квадратни) и стовариште од 75 метри квадратни, сместени на земјишна парцела од 1600 метри квадратни.
35. Исто така, тој доставил и изјава од тројца поранешни соседи, кои потврдиле дека тој поседувал двокатна куќа со девет соби, штала за стока и помошни објекти, како и изјава од V. Maharramov, претставник на Извршната власт на Република Азербејџан во градот Лачин, кој изјавил дека г. Hasanof порано живеел во сопствената куќа во Агбулах.
40. Пред Големиот совет жалителот поднел извод од матична книга на родените, пасош на СССР издаден во 1976 година и работничка книшка издадена од Одделението за образование на реонот Лачин, во кои се наведува дека тој е роден во Агбулах и работел како директор на училиштето во тоа село во периодот од 1981 до 1988 година.
5. Г. Fekhreddin Pashayev
41. Г. Fekhreddin Pashayev е роден во 1956 година во селото Камали во реонот Лачин. Откако дипломирал на Политехничкиот институт во Баку во 1984 година, тој се вратил во градот Лачин, каде што бил вработен како инженер и, по 1986 година, како главен инженер во Министерството за транспорт. Тој тврдел дека поседувал и живеел во двокатна куќа со три спални соби во Лачин што ја изградил самиот. Куќата се наоѓала на адресата бр. 50, Aprel Kucesi, Lachin Seheri, Lachin Rayonu. Г. Pashayev тврдел дека сегашната пазарна вредност на куќата би била 50.000 американски долари (УСД). Исто така, тој бил сопственик на земјата околу неговата куќа и имал удел (околу десет хектари) во земјоделска задруга во Камали. Дополнително, тој поседувал и земјиште врз основа на „задружна сопственост“.
42. На 27 февруари 2007 година тој поднел технички пасош издаден во август 1990 година, според кој што на негово име биле регистрирани двокатна куќа со вкупна површина од 133,2 метри квадратни (станбен простор од 51,6 метри квадратни и помошни простории од 81,6 метри квадратни), сместени на земјишна парцела од 469,3 метри квадратни.
35. Исто така, тој доставил и изјава од тројца поранешни соседи, кои потврдиле дека тој поседувал двокатна куќа со четири соби, како и изјава од V. Maharramov, претставник на Извршната власт на Република Азербејџан во градот Лачин, кој изјавил дека г. Pashayev порано живеел во сопствената куќа на адресата 28 Aprel Kucesi, Lachin.
43. Пред Големиот совет жалителот поднел, inter alia, извод од матична книга на венчаните според кој што тој бил роден во Камали и таму склучил брак во 1985 година, изводи од матична книга на родените за своите две ќерки, родени во 1987 година во Камали и во 1991 година во Лачин, извод од матична книга на родените за својот син, роден во 1993 година во Камали, како и воена книшка издадена во 1978 година и работничка книшка од 2000 година. Тој објаснил дека, иако неговиот син всушност е роден во Баку, во propiska системот на СССР била вообичаена практика да се евидентира дека детето е родено во регистрираното место на живеење на неговите родители.
6. Г. Qaraca Gabrayilov
44. Г. Qaraca Gabrayilov е роден во градот Лачин во 1940 година и умрел на 19 јуни 2005 година. На 6 април 2005 година, во времето на поднесувањето на оваа жалба, тој изјавил дека кога бил присилен да замине на 17 мај 1992 година тој живеел на поседот на адресата бр. 580, улица N. Narimanov , стан 128a во градот Лачин, имот што бил во негова сопственост и вклучувал двокатна станбена куќа изградена во 1976 година со површина од 187,1 метри квадратни и дворно место со површина од 453,6 метри квадратни. Тој тврдел дека поседувал уште една локација од 300 метри квадратни на истата улица. Кон жалбата бил приложен технички пасош од август 1985 година, според кој што на негово име биле регистрирани двокатна куќа и дворно место со горенаведените површини.
45. На 27 февруари 2007 година застапниците на жалителот тврделе, меѓутоа, дека тој живеел на адресата 41 H. Abdullayev Street во Лачин. Сепак, тој бил сопственик на двата имота на улица N. Narimanov. Кон овие поднесоци била приложена изјава од тројца поранешни соседи и изјава од V. Maharramov, претставник на Извршната власт на Република Азербејџан во градот Лачин, кој изјавил дека г. Gabrayilov порано живеел во сопствената куќа на улица H. Abdullayev во Лачин. Исто така, била приложена и одлука од 29 јануари 1974 година на Советот на народните депутати на реонот Лачин за распределување на горенаведената парцела од 300 метри квадратни на жалителот и неколку фактури за сточна храна, градежни материјали и субвенции за градба што наводно биле искористени за изградбата на неговите имоти.
56. На 21 ноември 2007 година г. Sagatel Gabrayilov, синот на жалителот, изјавил дека семејството порано живеело на улица N. Narimanov, но, дека, во некое неопределено време, називот и броевите на улицата биле променети и дека нивната адреса потоа гласела улица H. Abdullayev. Според тоа, двете горенаведени адреси се однесуваат на истиот имот.
46. Пред Големиот совет застапниците на жалителот поднеле, inter alia, извод од матична книга на родените и извод од матична книга на венчаните, според кои што тој бил роден во Чирагли и таму склучил брак во 1965 година, извод од матична книга на родените за неговиот син, роден 1970 година во село Алкасли во реонот Лачин. како и воена книшка издадена во 11963 година.
Г. Односи меѓу Република Ерменија и „Република Нагорно-Карабах“
47. Во однос на прашањето дали Република Ерменија врши власт во, или има контрола врз „НКР“ и околните територии, жалителите и тужената Држава, како и третата страна што и се приклучила на постапката, Владата на Азербејџан, поднесоа сеопфатна документација и изјави. Информациите што беа примени на тој начин се резимирани долу, доколку Судот сметал дека тие се релевантни.
1. Воени аспекти
48. Во 1993 година Советот за безбедност на Обединетите нации донесе четири резолуции во врска со судирот во Нагорно-Карабах.
Резолуција 822 од 30 април (S/RES/822 (1993 г.)):
„Советот за безбедност,
...
Укажувајќи со загриженост на ескалацијата на вооружените непријателства и, особено, последната инвазија на реонот Келбаџар во Република Азербејџан од страна на локалните ерменски сили,
...
1.Бара неодложно прекинување на сите непријателства и непријателски дејства со цел да се воспостави трајно примирје, како и неодложно повлекување на сите окупаторски сили од реонот Келбаџар и од останатите неодамна окупирани области во Азербејџан,
...”
Резолуција 853 од 29 јули (S/RES/853 (1993 г.)):
„Советот за безбедност,
...
Изразувајќи ја својата сериозна загриженост за влошувањето на односите меѓу Република Ерменија и Република Азербејџан и тензиите меѓу нив,
...
Укажувајќи со загриженост на ескалацијата на вооружените непријателства и, особено, заземањето на реонот Агдам во Република Азербејџан,
...
3.Бара неодложно прекинување на сите непријателства и неодложно, целосно и безусловно повлекување на инволвираните окупаторски сили од реонот Агдам и од останатите неодамна окупирани реони во Република Азербејџан;
...
9.Ја повикува Владата на Република Ерменија да продолжи да врши влијание за постигнување на почитување од страна на Ерменците од регионот Нагорно-Карабах во Република Азербејџан на својата резолуција 822 (1993 г.) и на оваа резолуција, како и прифаќање од оваа страна на предлозите на Групата Минск на [ОБСЕ];
...”
Резолуција 874 од 14 октомври (S/RES/874 (1993 г.)):
„Советот за безбедност,
...
Изразувајќи ја својата сериозна загриженост дека продолжувањето на судирот во и околу регионот Нагорно-Карабах во Република Азербејџан и на тензиите меѓу Република Ерменија и Република Азербејџан би ги загрозило мирот и безбедноста во регионот,
...
5.Повикува на неодложно спроведување на реципрочните и ургентните чекори што се предвидени во „Приспособениот временски распоред“ на Групата Минск [ОБСЕ], вклучувајќи го повлекувањето на силите од неодамна окупираните територии и отстранување на сите пречки за комуникациите и сообраќајот;
...”
Резолуција 884 од 12 ноември (S/RES/884 (1993 г.)):
„Советот за безбедност,
...
Укажувајќи со загриженост на ескалацијата на вооружените непријателства како последица на прекршувањата на примирјето и прекумерната употреба на сила во одговор на тие прекршувања, особено окупацијата на реонот Зангелан и градот Горадиз во Република Азербејџан,
...
2.Ја повикува Владата на Ерменија да го искористи своето влијание за постигнување на почитување од страна на Ерменците од регионот Нагорно-Карабах во Република Азербејџан на резолуциите 822 (1993 г.), 853 (1993 г.) и 874 (1993 г.), и да осигури дека вклучените сили не добиваат средства за продолжување на својот воен поход;
...
4. Бара од засегнатите страни неодложно прекинување на вооружените непријателства и непријателски дејства, еднострано повлекување на окупаторските сили од неодамна окупираните области во Република Азербејџан во согласност со „Приспособениот временски распоред на итните чекори за спроведување на резолуциите на Советот за безбедност 822 (1993 г.) и 853 (1993 г.)“ ... со измените донесени на средбата на Групата Минск [ОБСЕ] во Виена од 2 до 8 ноември 1993 година;
...”
49. Горенаведениот извештај на ХРВ од декември 1994 година (видете став 22 горе) содржи објаснувања за судирот во Нагорно-Карабах. Иако наведува дека „во воената офанзива на карабахските Ерменци во мај/јуни 1992 година беше освоен голем дел од покраината Лачин“, извештајот понатаму ги резимира настаните од 1993 и 1994 година како што следува (на стр. 58):
“... Карабахската ерменска војска - често со поддршка од силите од Република Ерменија - ги зазеде преостанатите азербејџански подрачја во околината на Нагорно-Карабах и го протера цивилното азерско население од: остатокот на подрачјето Лачин, и од подрачјата Келбаџар, Агдам, Физули, Џебрајил, Кубатли и Зангелан.“
Извештајот на ХРВ презентира неколку информации што упатуваат на вклученоста на армијата на Република Ерменија во Нагорно-Карабах и околните територии (стр. 67-73). Наводно, Ерменија дури испратила членови на своите полициски сили да вршат полициски должности на окупираните територии. ХРВ помина два дена во април 1994 година во интервјуирање на униформирани ерменски војници на улиците во Ереван. Триесет проценти од нив биле регрути во армијата на Република Ерменија што учествувале во борбите во Карабах, им било наредено да одат во Карабах или наводно доброволно се пријавиле за служба таму. Покрај тоа, во текот на еден ден во април 1994 година истражувачите од ХРВ избројале пет автобуси со приближно 300 војници на ерменската армија што влегле во Нагорно-Карабах од Ерменија. Други западни новинари им пријавиле на истражувачите од ХРВ дека виделе уште осум автобуси полни со војници на ерменската армија што од Ерменија се упатиле кон азербејџанската територија. Според ХРВ, од правен аспект, учеството на војници од ерменската армија во Азербејџан ја претворило Ерменија во страна во судирот и ја претворило војната во меѓународен вооружен судир меѓу Ерменија и Азербејџан.
50. Во рамките на Групата Минск на ОБСЕ биле претставени неколку предлози за решавање на судирот. Во предлог „пакетот“ од јули 1997 година се предвидува, под заглавјето „Спогодба I ‑ Крај на вооружените непријателства“, процес за повлекување на вооружените сили во две фази. Втората фаза вклучувала одредба дека „вооружените сили на Ерменија се повлекуваат во границите на Република Ерменија“.
Пристапот во чекори што беше претставен во декември 1997 година исто така вклучувал повлекување во две фази и предвидувал, во рамки на втората фаза, дека „сите ерменски сили што се наоѓаат надвор од границите на Република Ерменија ќе се повлечат на локации во рамките на тие граници“. Суштински, истата формулација била содржана и во предлогот за „заедничка држава“ од ноември 1998 година.
Иако овие документи беа предмет на дискусија во преговорите на Групата Минск, ниеден од нив не доведе до склучување спогодба меѓу Ерменија и Азербејџан.
51. Жалителите упатиле на изјавите на различни политички лидери и набљудувачи. На пример, г. Robert Kocharyan, тогашниот премиер на „РНК“, изјавил во интервју за американскиот весник „Golos Armenii“ (Гласот на Ерменија) во февруари 1994 година дека Ерменија го снабдила Нагорно-Карабах со оружје за противвоздушна одбрана.
Покрај тоа, г. Vazgen Manukyan, ерменски министер за одбрана во периодот од 1992 до 1993 година, во интервју со британскиот новинар и писател Thomas de Waal во октомври 2000 година признал дека јавните изјави дека ерменската армија воопшто не учествувала во војната биле наменети исклучиво за „потрошувачка во странство“ (видете Thomas de Waal, “Black Garden: Armenia and Azerbaijan through Peace and War”, New York University Press 2003, стр. 210):
„Може да бидете сигурни дека без оглед на тоа што зборувавме политички, карабахските Ерменци и Армијата на Ерменија беа обединети во воените дејства. За мене не беше важно дали некој е од Карабах или е Ерменец.“
52. Во годишниот извештај на Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS), „Воената рамнотежа“ за 2002, 2003 и 2004 година било проценето дека од 18.000 војници во Нагорно-Карабах, 8.000 биле од Ерменија. Во својот извештај за 2013 година овој институт изјавил, inter alia, дека „од 1994 година, Ерменија го контролираше најголемиот дел на Нагорно-Карабах, како и седумте соседни региони во Азербејџан, често нарекувани „окупирани територии““ („Воена рамнотежа“ 2002, стр. 66; 2003, стр. 66; 2004, стр. 82; и 2013, стр. 218).
53. Г. David Atkinson, известител на Парламентарното собрание на Советот на Европа, во ноември 2004 година изјави во својот втор извештај до Комитетот за политички прашања во врска со Нагорно-Карабах (PACE Doc. 10364):
„Според информациите што ми беа дадени, Ерменците од Ерменија учествувале во вооружените борби за регионот Нагорно-Карабах заедно со локалните Ерменци од Азербејџан. Денес Ерменија има стационирано војници во регионот Нагорно-Карабах и околните реони, луѓето во регионот имаат ерменски пасоши и ерменската влада префрла големи буџетски ресурси во оваа област.“
Врз основа на овој извештај, Парламентарното собрание на 25 јануари 2005 година ја донесе резолуцијата 1416 во која, inter alia, забележи:
„1. Парламентарното собрание изразува жалење што, по повеќе од една деценија од почетокот на вооружените непријателства, судирот за Нагорно-Карабах останува нерешен. Стотици илјади луѓе сè уште се раселени и живеат во мизерни услови. Значителен дел од територијата на Азербејџан сè уште е окупирана од ерменските сили, а сепаратистичките сили сè уште го контролираат регионот Нагорно-Карабах.
2.Собранието ја изразува својата загриженост што воените дејства и широко распространетите етнички судири што им претходеа доведоа до етничко протерување од големи размери и до создавање моноетнички области што наликуваат на ужасниот концепт за етничко чистење. Собранието потврдува дека независноста и отцепувањето на регионална територија од определена држава може да се постигне единствено преку законит и мирен процес што се заснова врз демократската поддршка од жителите на таквата територија а не како последица на вооружен судир што води кон етничко протерување и де факто присоединување на таа територија кон друга држава Собранието повторува дека окупирањето на туѓа територија од страна на некоја земја-членка претставува сериозно кршење на обврските на таа земја како член на Советот на Европа и го потврдува правото на раселените лица од подрачјето зафатено со судирот да се вратат во своите домови безбедно и достоинствено.“
54. Во својот извештај „Нагорно-Карабах: Поглед на судирот од терен“ од 14 септември 2005 година, Меѓународната кризна група (ICG) го навела следново во врска со вооружените сили во „РНК“ (стр. 9-10):
„[Нагорно-Карабах] е можеби најмилитаризираното општество во светот. Високо обучената и опремената Армија за одбрана на Нагорно-Карабах е првенствено копнена сила чија што главна потпора е Ерменија. Функционер од Нагорно-Карабах ја информираше Кризната група дека армијата брои околу 20.000 војници, додека, пак, еден независен експерт [Richard Giragosian, воен аналитичар од САД, јули 2005 година] ја процени нејзината бројност на 18.500 војници. Наводно можеле да се мобилизираат дополнителни 20.000 до 30.000 резервисти. Врз основа на своето население, Нагорно‑Карабах не може да одржува толку голема армија без да се потпира врз значаен број на надворешни лица. Врз основа на независните процени [од г. Giragosian], армијата е составена од 8.500 карабахски Ерменци и 10.000 војници од Ерменија. ...
Сепак, голем број регрути и војници по договор од Ерменија и понатаму се на служба во НК. (Де факто) министерот за одбрана признава дека неговите сили содржат 40 проценти воен персонал по договор, вклучувајќи државјани на Ерменија. Тој тврди дека нема државјани на Ерменија што се регрутирани против својата волја и вели дека во Ерменија живеат 500,000 Ерменски што потекнуваат од Нагорно‑Карабах и дека дел од нив служат во силите на Нагорно-Карабах. Поранешни регрути од Ереван и други градови во Ерменија и соопштија на Кризната група дека биле навидум произволно испратени во Нагорно‑Карабах и окупираните реони веднаш по нивното пријавување во одделението за регрутација. Тие негираат дека кога било се пријавиле доброволно да одат во Нагорно‑Карабах или во соседните окупирани територии. Тие не биле платени дополнително за службата надвор од Ерменија и го служеле воениот рок во униформи на Нагорно-Карабах, под воената команда на Нагорно-Карабах. Противењето на младите ерменски регрути да служат воен рок во Нагорно-Карабах се зголеми, што може да помогне во објаснувањето на очигледното намалување на бројот на регрути што се испраќаат во НК.
Постои висок степен на интеграција меѓу силите на Ерменија и на Нагорно‑Карабах. Високи функционери од Ерменија признаваат дека тие обезбедуваат значителна опрема и вооружување. Властите на Нагорно-Карабах потврдуваат, исто така, дека ерменски офицери помагаат во обуката и обезбедуваат специјалистички вештини. Меѓутоа, Ерменија инсистира дека ниедна од нејзините воени единици не е во Нагорно-Карабах или во околните окупирани територии.“
Ерменската Влада се спротивставила на извештајот на ICG, организација што немала својата канцеларија во Ерменија или во „НРК“. Понатаму, изјавата за бројот на ерменските регрути во „РНК“ произлегла од комуникацијата по електронска пошта со г. Giragosian, кој бил контактиран од Владата и ја дал следнава изјава:
„Со ова мислење не сакав да кажам дека луѓето што служат во вооружените сили на Нагорно-Карабах се војници. Сакав да кажам дека приближно толкав број доброволци од Ерменија и други земји се вклучени во вооружените сили на Нагорно-Карабах во согласност со моите пресметки. Во врска со бројката што ја спомнав, не може да инсистирам дека бројката е точна бидејќи се работи за доверлива информација и никој не го знае точниот број. Моето мислење се засноваше врз тоа што, според мене, голем број Ерменци од различни делови на светот учествуваат во единиците за самоодбрана на Нагорно-Карабах.“
55. На 19 април 2007 година австрискиот весник „Der Standard“ објавил интервју со тогашниот министер за надворешни работи на Ерменија, г. Mr Vartan Oskanyan. Зборувајќи за спорните територии, г. Oskanyan наводно ги нарекол „териториите што сега се контролирани од Ерменија“.
Неколку дена подоцна ерменската амбасада во Австрија објавила соопштение за печатот во кое се тврди дека г. Oskanyan бил погрешно толкуван и дека точниот израз бил „териториите што сега се контролирани од Ерменците“.
67. На 14 март 2008 година Генералното собрание на ОН донело резолуција за „Состојбата во окупираните територии на Азербејџан“ (A/RES/62/243). Потсетувајќи на резолуциите на Советот за безбедност од 1993 година (видете став 59 горе), таа ги содржела следниве пасуси:
„Генералното собрание,
...
2. Бара неодложно, целосно и безусловно повлекување на сите ерменски сили од сите окупирани територии на Република Азербејџан;
3. Го потврдува неотуѓивото право на населението што било протерано од окупираните територии на Република Азербејџан да се врати во своите домови и ја нагласува потребата за создавање на соодветни услови за ваквото враќање, вклучувајќи ја сеопфатната обнова на териториите што се погодени од судирот;
...”
56. Во интервју за Armenia Today, објавено на 29 октомври 2008 година, г. Jirayr Sefilyan, ерменски воен командант и политичар роден во Либан, кој бил вклучен во заземањето на градот Шуша/Шуши на почетокот на мај 1992 година, а потоа продолжил да служи во вооружените сили и на „РНК“ и на Ерменија, наводно ја дал следнава изјава:
„Мора да свртиме нова страница на историјата, бидејќи од 1991 година ние сметаме дека Карабах е независна држава и прогласивме дека тие треба да водат преговори. Кого залажуваме? Целиот свет знае дека армијата на РНК е дел од вооружените сили на Ерменија, дека буџетот на РНК се финансира од буџетот на Ерменија и дека политичките лидери на РНК се назначуваат од страна на Ереван. Време е да се смета Карабах како дел од Ерменија, како еден од нејзините региони. Во преговарачкиот процес територијата на Карабах треба да се смета за територија на Ерменија и не смеат да се направат никакви територијални отстапки.“
57. Во својата резолуција од 20 мај 2010 година за потребата за стратегија на ЕУ за Јужен Кавказ, Европскиот парламент го изрази, inter alia, следново:
„[Европскиот парламент е] сериозно загрижен што стотиците илјади бегалци или внатрешно раселени лица кои ги напуштија своите домови за време на или во врска со војната во Нагорно‑Карабах остануваат раселени и лишени од своите права, вклучувајќи го правото на враќање, сопственичките права и правото на лична безбедност; ги повикува сите страни недвосмислено и безусловно да ги признаат овие права, потребата за нивното итно остварување и за итно решение за овој проблем што е во согласност со принципите на меѓународното право; бара, во оваа смисла, повлекување на ерменските сили од сите окупирани територии на Азербејџан, придружено од распоредување меѓународни сили што треба да се организираат во согласност со Повелбата на ОН за да се обезбедат неопходните безбедносни гаранции во транзицискиот период, со што ќе се осигури безбедноста на населението на Нагорно-Карабах и ќе им се дозволи на раселените лица да се вратат во своите домови и ќе се спречат натамошните судири што се предизвикани од бездомништвото; ги повикува властите и лидерите на релевантните заедници од Ерменија и Азербејџан да ги демонстрираат своите заложби за создавање мирољубиви меѓуетнички односи преку вршење практички подготовки за враќањето на раселените лица; смета дека ситуацијата на внатрешно раселените лица и бегалците треба да се решава во согласност со меѓународните стандарди, вклучително и во согласност со недамнешната Препорака 1877(2009) на PACE, „Заборавените луѓе на Европа: заштита на човековите права на долгорочно раселените лица“.“
58. Во април 2012 година Европскиот парламент донел дополнителна резолуција во кој, inter alia, укажал дека „постојат многу загрижувачки извештаи за незаконски активности што се вршат од страна на ерменските трупи во окупираните територии, имено, воени маневри, обновување на воената опрема и персоналот и продлабочување на одбранбените ешалони“. Европскиот парламент препорача да се поврзат преговорите во врска со Спогодбата за асоцијација меѓу ЕУ и Ерменија со обврски во однос на „повлекување на ерменските сили од окупираните територии во околината на Нагорно‑Карабах и нивно враќање под азербејџанска контрола“ и „ја повика Ерменија да престане да испраќа редовни армиски регрути на служење на воениот рок во Нагорно-Карабах“ (Резолуција на Европскиот парламент од 18 април 2012 година што ги содржи препораките на Европскиот парламент за Советот, Комисијата и Европската служба за надворешно дејствување за преговорите во врска со Спогодбата за асоцијација меѓу ЕУ и Ерменија).
59. Жалителите тврделе дека, во повеќе наврати во 2012 и 2013 година, ерменскиот претседател, министер за одбрана и воен персонал со висок чин ги посетиле спорните територии за вршење проверки на војската, учество во воени вежби и одржување состаноци со воените и останатите функционери во „РНК“. Во јули 2013 година највисоките армиски генерали и други воени функционери на Ерменија, вклучувајќи го ерменскиот министер за одбрана и командантите на вооружените сили на „РНК“ оствариле средба во Нагорно-Карабах што се фокусирала на напорите за зајакнување на ерменската војска.
60. На 15 јануари 2013 година Претседателот на Ерменија, г. Serzh Sargsyan, одржал средба со водечките луѓе од законодавната, извршната и правосудната власт на Република Ерменија и претставници на министерството за одбрана. Неговиот говор на средбата бил објавен истиот ден на службената веб локација на Претседателот на Република Ерменија. Тој ги содржел, inter alia, следниве искази:
„Уште од првите години на независноста, Армијата игра посебна улога во нашето општество. Тоа се должеше на војната, чијшто дух се почувствува насекаде во Ерменија – во некои места повеќе отколку во останатите. Тие денови секое семејство имаше некој поблизок или подалечен роднина во ерменската Армија а Армијата се наоѓаше во сечие срце. Ваквото чувство стана посилно кога нашата Армија ја постигна победата што беше толку важна, што беше од суштинско значење.
...
Крајната цел на нашата надворешна политика е конечната правна формулација на постигнатата победа во агресорската војна што Азербејџан ја поведе против Арцах. Република Нагорно-Карабах мора да биде признаена од меѓународната заедница бидејќи не пости логичко објаснување зошто луѓето, кои го остварија своето законито право на самоопределување и подоцна го одбранија таквото право во нерамноправната војна, би требало кога било да бидат дел од Азербејџан. Зошто судбината на овие луѓе да биде определена од незаконитата одлука што некогаш ја донел Сталин?
...
Ерменија и Арцах не сакаат војна; меѓутоа, секој мора да знае дека ние ќе одговориме соодветно на секој предизвик. Луѓето од Арцах нема никогаш повторно да се соочат со опасноста од физичко истребување. Република Ерменија ќе го гарантира тоа.
...
Безбедноста на Арцах за нас не претставува прашање на престиж; напротив, за нас ова е прашање на живот или смрт во најдиректната смисла на овие зборови. Целиот свет мора да знае и да сфати дека ние, структурите на власта во Ерменија и Арцах, се спротивставуваме на армијата што им дава плати на убијците, ако таквата орда воопшто може да се нарече армија.“
61. Во мислење што беше изготвено на барање од ерменската Влада, Д-р Hari Bucur-Marcu, воен експерт со романско државјанство, изјави дека тој не нашол ништо во ерменската воена политика што предвидувало каков било облик на контрола врз силите на „РНК“, ниту, пак, какви било индикации на терен дека ерменските сили биле присутни или активни во „РНК“. Тој понатаму заклучил дека немало докази дека Ерменија вршела контрола или власт врз „РНК“ или нејзините одбранбени сили, или дека ерменските сили вршеле каква било контрола врз владата или управувањето со „РНК“. Владата изјавила дека Д-р Bucur-Marcu имал можност да разговара со високи воени офицери и добил пристап до нивните досиеја. Врз основа на склучен договор со Министерството за надворешни работи на „РНК“, тој можел и да патува таму и да разговара со воените и политичките функционери и да ги разгледува документите.
62. На 25 јуни 1994 година бил склучен „Договор за воена соработка меѓу владите на Република Ерменија и Република Нагорно‑Карабах“. Договорот, inter alia, го предвидува следново:
„Владата на Република Ерменија и Владата на Република Нагорно-Карабах (во натамошниот текст наведени како „страните“),
со оглед на заемниот интерес во областа на воената соработка, имајќи ја предвид потребата за развој на билатералните односи и заемната доверба преку соработка меѓу вооружените сили на државите на двете страни, сакајќи да ја зајакнат воената и воено‑техничката соработка,
се договорија за следново:
...
Член 3
Двете страни остваруваат воена соработка во следниве насоки:
воспоставување на армијата и реформи на вооружените сили;
(2) воена наука и образование;
(3) воено законодавство;
(4) логистика на вооружените сили;
(5) воена здравствена заштита на воените службеници и членовите на нивните семејства;
(6) културни и спортски активности, туризам.
Соработката во останатите насоки се остварува врз основа на заемна писмена спогодба.
Член 4
Страните ја остваруваат соработката преку:
(1) посети и работни средби на ниво на министри за одбрана, началници на генералштаб или други претставници овластени од министрите за одбрана;
(2) консултации, размена на искуство, обука на воениот персонал и зголемување на квалификуваноста;
(3) спроведување заеднички воени вежби;
(4) учество на конференции, консултации, семинари;
(5) размена на информации, документи и услуги врз основа на посебни аранжмани;
(6) културни настани;
(7) обезбедување воени услуги;
(8) создавање услови за заедничка употреба на елементи од инфраструктурата на вооружените сили на страните во рамките на овој договор;
(9) образование на високо квалификуван воен и технички персонал и специјалисти.
Во рамките на соработката врз основа на овој договор, страните се согласни дека регрутите од Република Ерменија и Република Нагорно‑Карабах имаат право да го служат својот воен рок со определено времетраење во Република Нагорно-Карабах и во Република Ерменија, соодветно. Во случај на служење на воениот рок на територијата на таа држава, лицето се смета за ослободено од обврската за служење на воениот рок во земјата на своето државјанство.
Член 5
Во рамките на овој договор страните се согласни, исто така, дека:
(1) во случај ако некој државјанин на Република Ерменија што е на отслужување на воениот рок во Република Нагорно-Карабах стори воено кривично дело, кривичното гонење и судењето на тоа лице се врши на територијата на Република Ерменија од страна на властите во Република Ерменија и во согласност со постапките што се утврдени во законодавството на Република Ерменија;
(2) во случај ако некој државјанин на Република Нагорно-Карабах што е на отслужување на воениот рок во Република Ерменија стори воено кривично дело, кривичното гонење и судењето на таквото лице се врши на територијата на Република Нагорно-Карабах од страна на властите во Република Нагорно-Карабах и во согласност со постапките што се утврдени во законодавството на Република Нагорно-Карабах.
Во рамките на овој договор страните си обезбедуваат заемна техничка поддршка во однос на вооружувањето и на обновата и одржувањето на воената опрема.
Склучувањето на договорите со лицата што вршат дејности за вооружување, обнова и одржување на воена опрема, како и обезбедувањето на условите за живеење на претставниците на производните претпријатија на територијата на страните се врши од Министерството за одбрана на земјата-клиент.
Останатите облици на соработка се остваруваат врз основа на заемна писмена спогодба.
...”
63. Ерменската Влада тврдела дека ерменските регрути кои, во согласност со член 4 на договорот од 1994 година, го отслужувале својот воен рок во „РНК“ биле првенствено со понизок чин и не претставувале повеќе од 5% (до 1.500 лица) од одбранбените сили на „РНК“. Меѓутоа, Владата не ја исклучила можноста дека некои ерменски државјани служеле во одбранбените сили на „РНК“ врз договорна и доброволна основа. Дел од лицата што служеле во одбранбените сили на „РНК“, заедно со жителите на Нагорно-Карабах, биле и доброволците од ерменско потекло од повеќе различни земји во кои што има ерменска дијаспора. Наводно, ерменските војници што служеле во„РНК“ биле под директна команда на одбранбените сили на „РНК“, што била единствената оперативна вооружена сила во „РНК“. Владата останала на тврдењето дека ерменските регрути што служеле во „РНК“ во согласност со договорот од 1994 година го правеле тоа по сопствена желба (видете го, меѓутоа, извештајот на ICG, став 65 горе).
Ерменската Влада тврдела дополнително дека ерменската армија и одбранбените сили на „РНК“ соработувале во рамките на одбранбен сојуз за прашања како што се размена на разузнавачки информации, посети на високи офицери, семинари, заеднички воени вежби, парадни инспекции и слично.
64. На 11 октомври 2007 година Судот донесе делумно решение во однос на допуштеноста на предметите на Zalyan, Sargsyan and Serobyan v. Armenia (жалби бр. 36894/04 и 3521/07), што се однесуваат на наводното малтретирање и незаконско затворање на тројца војници. Фактите на предметот откриваат дека жалителите биле регрутирани во ерменската армија во мај 2003 година и дека биле распоредени во воената единица бр. 33651, стационирана во близина на селото Матагис во регионот Мартакерт на „РНК“. Следела кривична истрага за нивните убиства и жалителите биле испрашувани повеќе денови во април 2004 година во Нагорно-Карабах - прво во својата воена единица, а потоа во Военото обвинителство на гарнизонот Мартакерт и, на крајот, во Секторот на воената полиција во Степанакерт - пред да бидат префрлени во Ереван за натамошна постапка. Офицерите што го спроведувале испрашувањето на жалителите во Нагорно-Карабах вклучувале двајца истражители од Военото обвинителство на Ерменија, истражител од Военото обвинителство на гарнизонот Мартакерт и офицер на ерменската воена полиција. На првото испрашување бил присутен и началник на баталјон на воената единица. Жалителите последователно биле обвинети за убиство и кривичната постапка против нив започнала во ноември 2004 година во Регионалниот суд на Сјуник што заседавал во Степанакерт. Жалителите биле присутни на судењето. На 18 мај 2005 година судот ги прогласил жалителите за виновни за убиство и ги осудил на затворска казна од 15 години.
65. Слично на тоа, како што известија организацијата за човекови права Форум 18 и ХРВ, г. Armen Grigoryan, ерменски државјанин и приговарач на совеста, бил земен од воено регрутно биро во Ереван во јуни 2004 година и бил пренесен во воена единица со седиште во Нагорно-Карабах. Откако побегнал од единицата, г. Grigoryan бил уапсен и на крајот, од суд што заседавал во Степанакерт на 9 јуни 2005 година, бил прогласен за виновен за одбивање на служење на воениот рок и бил осуден на казна затвор од две години.
2. Политички и правосудни врски
66. Неколку истакнати ерменски политичари, во различни временски периоди, имаа високи функции и во Република Ерменија и во „РНК“, или на друг начин имаа тесни врски со Нагорно-Карабах. Првиот Претседател на Република Ерменија, г. Levon Ter-Petrosyan, бил член на ерменскиот „Карабахски комитет“ што, на крајот на 1980-тите години, го предводел движењето за соединување на Нагорно-Карабах и Ерменија. Во април 1998 година тој бил наследен на функцијата претседател на Ерменија од г. Robert Kocharyan, кој претходно служел како премиер на „РНК“ од август 1992 до декември 1994 година, претседател на „РНК“ од декември 1994 до март 1997 година, и како премиер на Република Ерменија од март 1997 до април 1998 година. Во април 2008 година г. Serzh Sargsyan станал третиот претседател на Ерменија. Во август 1993 година тој бил назначен за министер за одбрана на Ерменија, откако во периодот од 1989 до 1993 година служел како претседавач на „Комитетот на единиците за самоодбрана на Република Нагорно-Карабах“. Понатаму, во 2007 година г. Seyran Ohanyan ја напуштил функцијата на министер за одбрана на „РНК“ за да стане врховен командант на ерменските вооружени сили. Во април 2008 година тој бил назначен за министер за одбрана на Ерменија.
67. Жалителите тврделе дека законите на Република Ерменија се применувале во „РНК“. Меѓутоа, според ерменската влада, во периодот меѓу јануари 1992 година и август 2006 година „РНК“ донела 609 различни закони, при што еден од првите такви закони бил „Закон за основата на државната независност на Република Нагорно-Карабах“. Член 2 на овој закон предвидува дека „РНК одлучува независно за сите прашања во врска со политичките, економските, социјалните, културните, градежните, административните политики и политиките за територијална поделба на републиката“. Во јануари 1992 година, исто така, биле основани телата на извршната и правосудната власт, вклучувајќи ги Советот на министри (Владата), Врховниот суд и основните судови на „РНК“, како и јавното обвинителство на „РНК“. „РНК“, исто така, има свој претседател, парламент и полиција, како и тела на локалната самоуправа, вклучувајќи ги администрациите што управуваат со териториите околу „РНК“, чии што претставници се назначуваат од страна на властите во „РНК“. Се спроведуваат претседателски и парламентарни избори. Иако неколку закони биле усвоени од ерменското законодавство, ерменската Влада останала на тврдењето дека тие не се применувале автоматски, т.е. со одлуки на ерменските судови, туку биле независно толкувани и применувани од страна на судовите на „РНК“, без оглед на тоа дали се работи за реонот Лачин или некој друг реон.
3. Финансиска и друга поддршка
80. Во својот извештај од 2005 година (наведено горе, став 65), ICG го навела следново (стр. 12-13):
„Стопанството на Нагорно-Карабах претходно било интегрирано во стопанството на советскиот Азербејџан, но во голема мера било уништено од војната. Денес тоа е тесно поврзано со Ерменија и во голема мера зависи од нејзините финансиски инпути. Сите трансакции се вршат преку Ерменија и производите што се произведуваат во Нагорно-Карабах често ја носат етикетата „произведено во Ерменија“ за извоз. Ереван обезбедува половина од буџетот. ...
Нагорно-Карабах е зависно во голема мера од надворешна финансиска поддршка, првенствено од Ерменија, но и од САД и дијаспората на светско ниво. Нагорно-Карабах не може да собере доволно приходи за да ги исполни своите буџетски потреби и во апсолутна смисла добива сè поголема надворешна поддршка. Буџетот за 2005 година изнесувал вкупно 24,18 милијарди драми (приближно УСД 53,73 милиони). Локално собраните приходи се очекува дека ќе изнесуваат вкупно 6,46 милијарди драми (приближно УСД 14,35 милиони), што е еднакво на 26,7 проценти од расходите.
Од 1993 година Нагорно-Карабах користи ерменски „меѓудржавен заем“. Според ерменскиот премиер, овој заем ќе изнесува 13 милијарди драми (УСД 28,88 милиони) во 2005 година, што претставува значително зголемување во споредба со 2002 година, кога заемот изнесувал 9 милијарди драми (УСД 16,07 милиони). Меѓутоа, (де факто) премиерот на Нагорно-Карабах тврди дека дел од овој заем - 4,259 милијарди драми (околу УСД 9,46 милиони) - претставува враќање од страна на Ерменија на данокот на додадена вредност, царината и акцизите што Ерменија ги наплаќа за стоките поминуваат низ нејзината територија и се наменети за Нагорно-Карабах. Остатокот од заемот е со десетгодишен рок за отплата со номинална камата. Иако Ерменија обезбедува такви заеми уште од 1993 година, ништо не било отплатено. Според ерменскиот премиер, Степанакерт „сè уште не е во позиција да отплаќа... . Во претстојните години ќе треба да продолжиме да го обезбедуваме овој заем за да им помогнеме да продолжат да ја градат својата инфраструктура ... не предвидуваме дека тие би можеле да напредуваат самостојно во догледно време“.
САД се единствената друга држава што обезбедува директна владина помош. Во 1998 година Конгресот за првпат го назначи Нагорно-Карабах за примател на хуманитарна помош засебно од Азербејџан. Со парите од САД управува американската Агенција за меѓународен развој (USAID), што ги има распределено на НВО како што се Фондот за помош на Ерменија, „Save the Children“ и Меѓународниот комитет на црвениот крст. До септември 2004 година САД одвоиле УСД 23.274.992 за Нагорно‑Карабах, а од тој износ потрошиле УСД 17.831.608. Американските лоби групи одиграа голема улога во овозможувањето на овие распределби.“
ICG понатаму навела дека ерменскиот „меѓудржавен заем“ учествувал со 67,3% во буџетот на „РНК“ за 2001 година (според „Статистичкиот годишник на Нагорно-Карабах“) и со 56,9% во 2004 година (според комуникациите на ICG со директорот на Државната служба за статистика на „РНК“).
68. Заемот што Република Ерменија и го обезбедила на „РНК“ во 2004 и 2005 година изнесувал УСД 51,000,000. Од овој износ, УСД 40.000.000 биле потрошени за обновување на образовните институции, а УСД 11.000.000 за помош на семејствата на загинатите војници.
69. Хајастанскиот сè-ерменски фонд беше основан со декрет на ерменскиот претседател на 3 март 1992 година. Според неговата службена веб локација, тој ја има следнава мисија:
„Да ги обедини Ерменците во Ерменија и во странство во надминувањето на проблемите на земјата и да го помогне воспоставувањето на одржливиот развој во Ерменија и Арцах. Покрај проблемите поврзани со распаѓањето на Советскиот Сојуз, владата требаше да најде решенија за последиците од земјотресот во Спитак од 1988 година, економската блокада и рехабилитацијата на областите што беа зафатени од судирот во Арцах.“
Годишниот извештај на фондот за 2012 година вклучува пораки од г. Serzh Sargsyan, претседател на Република Ерменија, и од г. Bako Sahakyan, “претседател на Република Арцах“, што, inter alia, ги содржат следниве искази:
Г. Sargsyan:
„Хајастанскиот сè-ерменски фонд е отелотворение на единството на Ерменија, Арцах и дијаспората. Како таков, фондот доследно, одлучно и пред нашите очи ја трансформира нашата пан-национална внатрешна сила во материјална моќ.“
Г. Sahakyan:
„2012 беше јубилејна година за ерменскиот народ. Како нација ја прославивме 20-годишнината од основањето на Одбранбената армија на РНК и ослободувањето на Шуши, величествената победа што беше овозможена од здружените напори и неуништливата волја на севкупниот ерменски народ, несебичната храброст и бескомпромисност на неговите одважни синови и ќерки.“
Фондот има 25 подружници во 22 различни земји. Неговите средства потекнуваат од индивидуални донации, првенствено од членовите на ерменската дијаспора. Денес фондот собира околу УСД 21.000.000 годишно.
Одбор на повереници е највисокото управно тело на фондот. Во согласност со статутот на фондот, претседателот на Република Ерменија по службена должност е претседател на Одборот на повереници. Одборот, што во текот на своето постоење броеше меѓу 22 и 37 членови, вклучува голем број истакнати поединци и претставници а политички, невладини, верски и хуманитарни институции од Ерменија и од дијаспората. Во 2013 година одборот, покрај ерменскиот претседател, г. Sargsyan, се состоел од поранешниот ерменски претседател г. Kocharyan; ерменскиот премиер и министрите за надворешни работи, финансии и за дијаспора; претседателот, поранешниот претседател и премиерот на „РНК“; претседавачот на ерменскиот Уставен суд, народното собрание и централната банка; четири ерменски верски водачи, три претставници на ерменските политички партии; претставник на Сојузот на производители и претприемачи (работодавачи) на Ерменија; и претставници на чети невладини организации што се основани во Соединетите Американски Држави и во Канада. Остатокот од одборот со 37 членови го претставувале 13 лица од ерменската дијаспора. Составот на Одборот на повереници бил сличен уште од основањето на фондот.
Хајастанскиот сè-ерменски фонд финансирал и вршел надзор врз бројни проекти по своето основање, вклучувајќи ја изградбата и реконструкцијата на патишта, капацитети за домување, училишта, болници, како и мрежи за снабдување со вода и гас. При крајот на 1990‑тите тој го изградил автопатот што ги поврзува градот Горис во Ерменија со Лачин, Шуша/Шуши и Степанакерт во Нагорно-Карабах. Во 2001 година фондот ја финансирал изградбата на автопатот север-југ во Нагорно-Карабах. Во согласност со годишниот извештај на фондот за 2005 година, тој исплатил приближно УСД 11,000,000 во текот на таа година за различни проекти, од кои што околу УСД 6,100,000 биле потрошени за проекти во Нагорно‑Карабах. Според податоците обезбедени од страна на ерменската Влада, нецелосните расходи за 2012 година изнесувале УСД 10.700.000 во Нагорно-Карабах и УСД 3.100.000 во Ерменија. Исто така, во согласност со податоците од Владата, во периодот од 1995 до 2012 година фондот вкупно распределил околу УСД 111.000.000 - или околу УСД 6.000.000 годишно - на проекти во Нагорно-Карабах. Во периодот од 1992 до 2012 година фондот распределил УСД 115.000.000 за проекти во Ерменија.
70. Жалителите и Владата на Азербејџан тврделе дека на жителите на „РНК“ и на околните територии рутински им се издавале ерменски пасоши. ICG изјави дека „Ерменија издаде пасоши за патување во странство на мнозинството жители“ (извештај од 2005 година, спомнат горе, стр. 5). Владата на Азербејџан упати, исто така, на можноста за жителите на спомнатите територии да добијат ерменско државјанство. Тие упатиле на член 13 („Државјанство преку натурализација“) на Законот на Република Ерменија за државјанството на Република Ерменија, што го предвидува следново:
„Секое работоспособно лице на возраст од 18 години што не е државјанин на РЕ може да поднесе барање за државјанство на РЕ, ако тој/таа
1) законски престојувало на територијата на Република Ерменија во претходните три години;
2) го познава ерменскиот јазик; и
3) е запознаено со Уставот на Република Ерменија.
Лице кое не е државјанин на РЕ може да добие државјанство на РЕ без да биде предмет на условите што се утврдени во точките 1) и 2) на првиот дел од овој член, ако тоа:
1) склучи брак со државјанин на Република Ерменија или има дете што поседува државјанство на РЕ;
2) има родители или најмалку еден родител што поседувал државјанство на РЕ во минатото или бил роден на територијата на република Ерменија и поднел барање за државјанство на РЕ во рок од три години по наполнувањето на возраст од 18 години;
3) е со ерменско потекло (има ерменски предци); или
4) се откажало од државјанството на РЕ по сопствена волја по 1 јануари 1995 година.“
Ерменската Влада, од својата страна, изјавила дека и Ерменија и „РНК“ имаат одредби за двојно државјанство. Покрај тоа, во согласност со спогодбата со „РНК“ од 24 февруари 1999 година за „организацијата на пасошкиот систем“, Ерменија им издава пасоши на жителите на „РНК“ во определени околности. Член 1 на спогодбата гласи:
„Страните се согласни дека нивните државјани имаат право на слободно движење и живеење на териториите на секоја од страните.
Во рамките на делокругот на оваа спогодба, до меѓународното признавање на Република Нагорно-Карабах, државјаните на Република Нагорно-Карабах што сакаат да ја напуштат територијата на Република Нагорно-Карабах или на Република Ерменија може да поднесат барање и да им биде издаден пасош на Република Ерменија.
Страните се согласни дека во рамките на делокругот на овој член, добивањето пасош на Република Ерменија од страна на државјаните на Република Нагорно-Карабах не значи добивање државјанство на Република Ерменија. Овие пасоши може да се користат единствено за патување надвор од територијата на Република Ерменија и на Република Нагорно‑Карабах од страна на државјаните на Република Нагорно-Карабах и не може да се користат како документи за лична идентификација за внатрешна употреба во Република Нагорно-Карабах и во Република Ерменија.“
Во 1999 година, исто така, биле донесени прописите за примената на оваа спогодба и тие предвидуваат дека ерменскиот пасош се издава на жител на „РНК“ единствено во исклучителни случаи кога целта за патувањето во странство е медицински третман, образование или некоја друга лична работа. Ерменската Влада тврдела дека врз основа на спогодбата од 1999 година им биле издадени пасоши на помалку од 1000 лица.
71. Жалителите и Владата на Азербејџан изјавиле дека ерменскиот драм бил главната валута во „РНК“, додека, пак, ерменската Влада останала на тврдењето дека валутите што биле прифатени таму вклучувале и евра, американски долари, британски фунти и дури и австралиски долари.
72. Владата на Азербејџан нагласила дека Националниот атлас на Ерменија, објавен во 2007 година од страна на Државната комисија на катастарот на недвижности во рамките на Владата на Република Ерменија што, според тоа, наводно претставувал официјално издание, конзистентно и во повеќе различни видови географски карти ги вклучувал „РНК“ и околните окупирани територии во границите на Република Ерменија.
73. Жалителите и Владата на Азербејџан тврделе дека постои ерменска владина политика за поттикнување на доселениците да се преселуваат во „РНК“ од Ерменија и, во поново време, од Сирија.
Во февруари 2005 година е објавен „Извештај од мисијата на ОБСЕ за утврдување на фактичката состојба во окупираните територии на Азербејџан во околината на Нагорно‑Карабах (НК)“. Мисијата имала овластување да утврди дали во териториите постоеле населени места; воените објекти и персонал, како и политичките прашања биле строго надвор од таквото овластување. Во однос на населувањето во реонот Лачин, извештајот заклучил:
„Општо земено, моделот на потеклото на доселениците во Лачин е ист како и во другите територии. Така, убедливото мнозинство од нив доаѓаат во Лачин од различните делови на Азербејџан, најчесто по повеќегодишно живеење во привремени засолништа во Ерменија. Компаративно помало малцинство се Ерменците од Ерменија, вклучувајќи ги жртвите на земјотресот. Тие разбрале за Лачин како можност за населување од усни препораки, преку медиумите или од НВО во Ерменија и НК. Не постоеја докази за недоброволно преселување или за систематско регрутирање.“
Извештајот дополнително наведува:
„Директната вклученост на НК во реонот Лачин е неспорна. Нагорно‑Карабах го обезбедува буџетот на Лачин и отворено прифаќа директна одговорност за реонот. Жителите на Лачин учествуваат и во локалните и во изборите во НК.
Иако врските меѓу Нагорно-Карабах и Република Ерменија остануваат надвор од делокругот на овој извештај, Мисијата за утврдување на фактичката состојба не најде докази за директна вмешаност на владата на Ерменија во населувањето на Лачин. Меѓутоа, Мисијата разговараше со определени жители на Лачин кои имаа ерменски пасоши и тврдеа дека гласаат на ерменските избори.“
II. ЗАЕДНИЧКА ГАРАНЦИЈА НА ЕРМЕНИЈА И АЗЕРБЕЈЏАН
74. Пред нивното пристапување кон Советот на Европа, Ерменија и Азербејџан му дадоа гаранции на Комитетот на министри и на Парламентарното собрание со кои се обврзаа на мирно решавање на судирот во Нагорно-Карабах (видете Мислења на Парламентарното собрание 221 (2000) и 222 (2000) и Резолуции на Комитетот на министри Res (2000)13 и (2000)14).
Релевантните пасуси од Мислењето на Парламентарното собрание 221 (2000) за барањето на Ерменија за членство во Советот на Европа гласат како што следува:
„10. Собранието го зема предвид писмото од Претседателот на Ерменија во кое што тој се обврзува да ја почитува спогодбата за примирје до наоѓањето на конечно решение за судирот [во Нагорно-Карабах] и да продолжи да вложува напори за постигнување мирно решение преку преговори врз основа на компромиси што се прифатливи за сите засегнати страни.
...
13. Парламентарното собрание ги зема предвид писмата од Претседателот на Ерменија, претседателот на парламентот, премиерот и лидерите на политичките партии што се застапени во парламентот, и забележува дека Ерменија се обврзува да ги почитува следниве заложби:
...
ii. судирот во Нагорно-Карабах:
а. да вложува напори за решавање на овој судир единствено со мирољубиви средства;
б. да го искористи своето значително влијание врз Ерменците во Нагорно-Карабах за промовирање на решение за судирот;
в. да ги решава меѓународните и домашните спорови на мирен начин и во согласност со начелата на меѓународното право (обврска што е обврзувачка за сите земји-членки на Советот на Европа), категорично отфрлајќи ги сите закани за употреба на сила против своите соседи;
...”
Резолуцијата Res (2000)13 на Комитетот на министри во врска со поканата за членство на Ерменија во Советот на Европа упати на обврските што ги презема Ерменија, како што е утврдено во Мислењето 221 (2000), и гаранциите за нивното исполнување што ги даде ерменската влада.
III. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
А. Законите на ССР Азербејџан
75. Законите што се релевантни за утврдувањето на правото на сопственост на жалителите се Уставот на ССР Азербејџан од 1978 година, Законот за земјиште од 1970 година и Законот за домување од 1983 година.
1. Уставот од 1978 година
76. Уставот гласел како што следува:
Член 13
„Основата за личната сопственост на граѓаните на ССР Азербејџан се заработените приходи. Личната сопственост може да вклучува предмети од домаќинството, предмети за лична потрошувачка, удобност и корист, куќа и заработени заштеди. Личната сопственост на граѓаните и правото на нејзиното наследување се заштитени од државата.
Граѓаните може да добијат земјишни парцели како што е пропишано со законот за земјоделско производство за сопствените потреби (вклучувајќи сточарство и живинарство), градинарство и изградба на индивидуални станбени објекти. Од граѓаните се бара рационално да го користат своето земјиште. Државните и задружните земјоделски стопанства им обезбедуваат помош на граѓаните за нивните мали земјоделски имоти.
Личната сопственост или сопственоста со право на користење не смее да се користи за стекнување незаработен приход на штета на јавниот интерес.“
2.Закон за земјиште од 1970 година
77. Релевантните одредби на Законот за земјиште гласеле како што следува:
Член 4. Државна (народна) сопственост на земјиштето
„Во согласност со Уставот на СССР и Уставот на ССР Азербејџан, земјата е во сопственост на државата – таа претставува заедничка сопственост на сите советски народи.
Во СССР земјата е во исклучива сопственост на државата и се распределува единствено на користење. Постапките што посредно или непосредно го повредуваат правото на државата на сопственост врз земјиштето се забранети.“
Член 24. Документи со кои се потврдува правото за користење на земјиштето
„Правото на користење од страна на задружни земјоделски стопанства, државни земјоделски стопанства и други на земјишни парцели се потврдува со државна потврда за правото на користење.
Формата на потврдата е утврдена од страна на Советот на министри на СССР во согласност со законодавството за земјиштето на СССР и на сојузните републики.
Правото на времено користење на земјиште се потврдува со потврда со форма што е утврдена од Советот на министри на ССР Азербејџан.“
Член 25. Правила за издавањето на потврдите за правото на користење земјиште
Државните потврди за правото на користење на земјиште на неопределено време и потврдите за правото на времено користење земјиште се издаваат на задружните земјоделски стопанства, државните земјоделски стопанства и останатите државни, задружни и јавни установи, агенции и организации, како и на граѓаните од страна на Извршниот комитет на Советот на народните депутати од реонот или градот (под републичката управа) во територијата во која што се наоѓа земјиштето што треба да се распредели за користење.“
Член 27. Користење на земјиштето за наведената намена
„Корисниците на земјиште имаат право и треба да ги користат земјишните парцели што им се распределени за намената за која што се распределени земјишните парцели.“
Член 28. Правото на корисниците на земјиште на користење на распределените земјишни парцели
„Во зависност од утврдената намена на распределената земјишна парцела, корисниците на земјиштето имаат право на следново во согласност со релевантните правила:
- да градат станбени, индустриски згради и згради на јавните служби како и останати згради и објекти;
– да садат земјоделски култури, да вршат пошумување и да садат овошни, декоративни и други видови дрва;
– да користат обработливи површини, пасишта и други видови земјоделско земјиште;
– да ги користат широко распространетите природни подземни ресурси, тресет и водени маси за економски цели како и да ги користат останатите вредни својства на земјиштето.
Член 126-1. Право на користење на земјиште во случај на наследување на правото на сопственост врз некој објект
„Ако сопственоста на некоја зграда што се наоѓа во село е наследена и ако наследниците немаат право да ја откупат земјишната парцела на која што се наоѓа зградата во согласност со релевантната постапка, тие добиваат право на користење на земјишната парцела што е потребна за одржување на зградата, со големина што е утврдена од страна на Советот на министри на ССР Азербејџан.“
Член 131. Распределба на земјишни парцели на граѓаните за изградба на индивидуални станбени објекти
„Земјишните парцели за изградба на индивидуални станбени објекти што треба да станат лична сопственост се распределуваат на граѓаните кои живеат во населените места на ССР Азербејџан во кои што изградбата на индивидуални станбени објекти не е забранета во согласност со важечкото законодавство, од земјиштето што им припаѓа на градовите и урбаните населени места; од земјиштето на селата што не се користи од страна на задружните земјоделски стопанства, државните земјоделски стопанства или другите земјоделски претпријатија; од земјиштето на државните резерви; и од земјиштето на државниот шумски фонд што не е вклучено во градските зелени зони. Земјиштето се распределува за наведените намени во согласност со постапката што е пропишана во ... на овој закон.
Изградбата на индивидуални станбени објекти во градовите и работничките населби се врши на празни површини што не повлекуваат дополнителни трошоци за нивното користење или техничко уредување; и, по правило, во близина на железнички пруги и патишта што обезбедуваат редовен патнички сообраќај, во форма на самостојни станбени реони или населби.“
3. Законот за домување од 1983 година
78. Член 10.3 на Законот за домување гласи како што следува:
„Граѓаните имаат право на куќа како лична сопственост во согласност со законодавството на СССР и на ССР Азербејџан.“
4. Упатството за правилата за регистрација на станбени објекти од 1985 година
79. Упатството од 1985 година, во член 2, ги наведува документите што служат како доказ за правото на сопственост на индивидуален станбен објект. Упатството било одобрено од Централното одделение за статистика на СССР со Уредба бр. 380 од 15 јули 1985 година. Член 2.1 ги набројува различните видови документи што претставуваат примарни докази за правото на сопственост. Член 2.2 наведува дека, ако недостигаат примарните докази, правото на сопственост може да се покаже индиректно, користејќи други документи, вклучувајќи:
„пописни-технички документи во случајот кога тие содржат точно упатување кон поседувањето од страна на сопственикот на уредно формализиран документ што го потврдува неговото право на станбен објект“
Б. Законите на Република Азербејџан
80. По стекнувањето на независноста, Република Азербејџан донела, на 9 ноември 1991 година, закони во врска со сопственоста што, за првпат, упатуваат на земјиштето како предмет на приватна сопственост. Меѓутоа, детални правила за приватизација на земјиштето што им е доделено на граѓаните биле воведени подоцна, со Законот за реформи на земјиштето од 1996 година. Жалителите заминале од Лачин во 1992 година и, според тоа, не можеле да поднесат барање да станат сопственици на земјиштето што го користеле.
1. Законот за сопственост од 1991 година
94. Законот за сопственост во Република Азербејџан влезе во сила на 1 декември 1991 година. Законот, inter alia, го наведува следново:
Член 21. Предмети на сопственичките права на граѓанинот
“1. Граѓанинот може да има во владение:
– земјишни парцели;
– куќи, станови, куќи на имот, гаражи, домашнa опрема и предмети за лична употреба;
– акции, обврзници и други хартии од вредност;
– средства за масовни медиуми;
– претпријатија и комплекси од имоти за производство на стоки наменети за потрошувачите, општествените и културолошките пазари, со исклучок на определени видови имоти што се утврдени со закон и не може да бидат во сопственост на граѓаните поради причини на државната или јавната безбедност или поради меѓународни обврски..
...
5. Граѓанинот што поседува стан, семејна куќа, куќа на имот, гаража или други простории или објекти има право да располага со овој имот по сопствена волја: да продава, заветува, подарува, дава под закуп или да презема други дејства што не се во спротивност на законот.“
2.Закон за земјиште од 1992 година
81. Новиот Закон за земјиште, што влегол во сила на 31 јануари 1992 година, ги содржел следниве одредби:
Член 10. Приватна сопственост на земјишни парцели
„Земјишните парцели се распределуваат за приватна сопственост на граѓаните на Република Азербејџан во согласност со барањата на локалните извршни власти, засновани врз одлуки на окружниот или градскиот Совет на народните депутати за долунаведените намени:
1) за лица со постојано живеалиште на територијата за целите на изградба на приватна куќа и помошни објекти, како и за основање на мал земјоделски имот за сопствени потреби;
2) за вршење на дејноста на земјоделски стопанства и други организации што се вклучени во производството на земјоделски производи наменети за продажба;
3) за изградба на приватни и колективни станбени објекти и приватни гаражи во рамки на градовите;
4) за градби поврзани со деловни активности;
5) за дејноста на традиционалното етничко производство.
Во согласност со законодавството на Република Азербејџан, земјишните парцели може да се распределуваат во приватна сопственост на граѓаните за други намени.“
Член 11. Услови за распределба на земјишни парцели во приватна сопственост
„За намените што се предвидени во член 10 на овој Закон, правото на сопственост врз некоја земјишна парцела се дава бесплатно.
Земјишните парцели што им се распределени на граѓаните за изградба на приватни куќи, куќи на имот и гаражи пред датумот на влегување во сила на овој закон се пренесуваат во нивна сопственост.
Правото на приватна сопственост или доживотно наследно владение врз некоја земјишна парцела не може да им се даде на странски државјани или на странски правни субјекти.
Земјишната парцела не им се враќа на поранешните сопственици и на нивите наследници. Тие може да стекнат право на сопственост врз земјишната парцела врз основите што се пропишани со овој закон.“
Член 23. Распределба на земјишни парцели
„Земјишните парцели им се распределуваат на граѓани, претпријатија и организации во сопственост, владение, користење или давање под закуп со одлука на окружниот или градскиот Совет на народните депутати, во согласност со постапката за распределба на земјиште и врз основа на документите за искористување на земјиштето.
Планираната намена на некоја земјишна парцела се наведува во потврдата за распределба на земјиштето.
Постапката за поднесување и разгледување на барањето за распределба или одземање на земјишна парцела, вклучувајќи го одземањето на земјишна парцела за државни или јавни потреби, се утврдува од страна на Кабинетот на министри на Република Азербејџан.
Барањата на граѓаните за распределба на земјишна парцела се разгледуваат во рок што не е подолг од еден месец.“
Член 30. Документи со кои се потврдуваат правата на сопственост, правата на владение и трајно користење на земјиште
„Правата на сопственост врз земјиште и правата на владение и трајно користење на земјиште се потврдуваат со државна потврда што се издава од страна на окружниот или градскиот Совет на народните депутати.
Формата на горенаведената државна потврда се одобрува од страна на Кабинетот на министри на Република Азербејџан.“
Член 31. Формализирање на правото на времено користење земјиште
„Правото на времено користење на земјиште, вклучувајќи право дадено под услови на закуп, се документира со спогодба и потврда. Овие документи се регистрираат од страна на окружниот или градскиот Совет на народните депутати и му се издаваат на корисникот на земјиштето. Формите на спогодбата и потврдата се одобруваат од Кабинетот на министри на Република Азербејџан.“
Член 32. Основи за укинување на правата на сопственост, правата на владение и користење на земјиште и правото на закуп на земјиште
„Окружниот или градскиот Совет на народните депутати што дал право на сопственост врз определена земјишна парцела или дел од неа, право на владение и користење на земјиште или право на закуп на земјиште ги укинува овие права во следниве случаи:
1) доброволно предавање или отуѓување на земјишната парцела од нејзиниот сопственик;
2) истекување на временскиот период за кој што била дадена земјишната парцела;
3) престанок на дејноста на претпријатие, агенција, организација или селски земјоделски имот;
4) користење на земјиштето за намени што се различни од неговата планирана намена;
5) престанок на работниот однос врз чија што основа било доделено земјиштето, освен во случаите што се предвидени со закон;
6) непочитување на одредбите и условите на договорот за закуп;
7) неплаќање на данокот на земјиште или на закупнината што се пропишани со законодавството или со договор за закуп на земјиштето две последователни години, без оправдани причини;
8) некористење, во рок од една година и без оправдани причини, на земјишната парцела што била доделена за земјоделско производство, или некористење, во рок од две години и без оправдани причини, на земјишната парцела што била доделена за неземјоделско производство;
9) потреба за одземање земјишни парцели за државни или јавни потреби;
10) пренос на правото на сопственост врз згради или објекти или пренос на правото за оперативно управување со нив;
11) смрт на сопственикот или корисникот.
Законодавството на Република Азербејџан може да предвиди и други основи за престанок на правата на сопственост, правата на владение и користење на земјиште и правото на закуп на земјиште.“
IV. РЕЛЕВАНТНО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО
82. Член 42 на Правилникот за законите и обичаите во војна на копно, Хаг, 18 октомври 1907 година (во натамошниот текст „Хашки правилник од 1907 година“) ја дефинира воената окупација како што следува:
„Територијата се смета за окупирана кога таа фактички се наоѓа под власта на непријателската армија. Окупацијата се простира единствено на територијата на која што таа власт е воспоставена и може да се врши.“
Според тоа, окупација во смисла на Хашкиот правилник од 1907 година постои кога некоја држава врши фактичка власт врз територијата, или дел од територијата, на некоја непријателска држава.[1] Барањето за фактичката власт општо се смета дека има исто значење како ефективната контрола.
Се смета дека постои воена окупација во определена територија, или дел од територија, ако може да се покажат следниве елементи: присуството на странска војска, што е во положба да врши ефективна контрола без согласноста на суверената држава. Во согласност со широко распространетото експертско мислење, присуството на странска војска претставува sine qua non предуслов за окупацијата[2], т.е. окупацијата не може да се замисли без „да згази војничка чизма на терен“ и, според тоа, силите што вршат поморска или воздушна контрола преку поморска или воздушна блокада не се доволни.[3]
83. Правилата на меѓународното хуманитарно право не го разгледуваат експлицитно прашањето за спречување пристап до домот или сопственоста. Меѓутоа, член 49 на Конвенцијата [бр. IV] за заштита на граѓанските лица за време на војна од 12 август 1949 година („Четвртата женевска конвенција“) ги уредува прашањата во врска со присилното раселување во и од окупираните територии. Членот гласи како што следува:
„Поединечните или масовните принудни преселувања, како и прогонствата на заштитените лица од окупираната територија на територијата на окупаторската сила или на територијата на која било друга земја, окупирана или не, се забранети, без оглед на причината.
Меѓутоа, окупаторската сила може да спроведе целосна или делумна евакуација на определена област ако тоа се бара поради безбедноста на населението или поради императивни воени причини. Таквите евакуации не може да вклучуваат раселување на заштитените лица надвор од границите на окупираната територија,освен во случајот кога поради материјални причини е неможно да се избегне таквото раселување. Лицата што се евакуирани на таков начин се враќаат во своите домови веднаш по престанокот на непријателствата во засегнатата област.
Окупаторската сила што ги спроведува таквите преселувања или евакуации осигурува, во најголема можна мера, дека на заштитените лица им е обезбедено пристојно сместување, дека преселувањата се вршат под задоволителни услови во однос на хигиената, здравјето, безбедноста и исхраната, и дека членовите на едно исто семејство нема да бидат разделени. Заштитничката сила се информира за сите преселувања и евакуации веднаш по нивното извршување.
Окупаторската сила не смее да ги задржува заштитените лица во некоја област што е особено изложена на воените опасности, освен во случајот кога тоа е неопходно поради безбедноста на населението или поради императивни воени причини.
Окупаторската сила не смее да врши депортирање или преселување на делови од сопственото цивилно население на територијата што ја окупира.“
Член 49 на Четвртата женевска конвенција се применува за окупираната територија кога не постојат посебни правила во врска со принудното раселување на територијата на некоја страна во судирот. Сепак, правото на раселените лица „доброволно да се вратат во сигурноста на своите домови или постојани живеалишта штом ќе престанат причините што довеле до нивното раселување“ се смета за правило од обичајното меѓународно право (видете Правило 132 од Студијата за обичајното меѓународно хуманитарно право на Меѓународниот комитет на Црвениот крст[4]) што се применува за територии од кој било вид.
V. РЕЛЕВАНТНИ МАТЕРИЈАЛИ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ И СОВЕТОТ НА ЕВРОПА
А. Обединети нации
84. „Принципите за враќање на станбени објекти и друг имот на бегалците и раселените лица“ (Комисија за човекови права, Поткомисија за промовирање и заштита на човековите права, 28 јуни 2005 г., E/CN.4/Sub.2/2005/17, Анекс) се најцелосните стандарди во врска со ова прашање. Тие се познати и како Пинхеиро принципи. Целта на овие принципи, што се втемелени во постоечкото меѓународно право за човековите права и меѓународното хуманитарно право, е да утврдат меѓународни стандарди и практични упатства за државите, агенциите на ОН и пошироката меѓународна заедница за тоа како најдобро да ги адресираат сложените правни и технички прашања поврзани со враќањето на станбените објекти и другиот имот.
Тие предвидуваат, inter alia, како што следува:
2.2. Право на враќање станбени објекти и друг имот
„2.1 Сите бегалци и раселени лица имаат право да им се врати целиот станбен, земјиштен и/или друг имот што им бил произволно или незаконито одземен, или да им се исплати обесштетување за каков било станбен, земјиштен и/или друг имот што фактички не може да се врати, врз основа на одлука на независен и непристрасен суд.
2.22.2 Државите треба да му дадат очигледен приоритет на правото на враќање како преференцијален правен лек за раселувањето и како клучен елемент на ресторативната правда. Правото на враќање на имотот постои како посебно право и врз него не влијае фактичкото враќање или невраќање на бегалците и раселените лица што имаат право на враќање на станбен, земјиштен или друг имот.“
3.3. Право на заштита од дискриминација
„3.1 Секое лице има право да биде заштитено од дискриминација врз основа на расата, бојата на кожата, полот, верата, политичко или друго мислење, националното или социјалното потекло, имот, раѓање или друг статус.
3.23.2 Државите осигуруваат дека de facto и de jure дискриминацијата врз горенаведените основи е забранета и дека сите лица, вклучувајќи ги бегалците и раселените лица, се сметаат за еднакви пред законот.“
12.12. Национални постапки, институции и механизми
„12.1 државите треба да воспостават и да поддржуваат правични, навремени, независни, транспарентни и недискриминаторски постапки, институции и механизми за решавање и спроведување на барањата за поврат на станбен, земјиштен и друг имот. ...
...
12.5Во случајот на општ слом на владеењето на правото, или кога државите не се во можност да ги користат постапките, институциите и механизмите што се потребни за овозможување на процесот на поврат на станбен, земјиштен и друг имот на правичен и навремен начин, државите треба да побараат техничка помош и соработка од релевантните меѓународни агенции за целите на воспоставување привремени режими со кои на бегалците и на раселените лица им се обезбедуваат потребните постапки, институции и механизми за осигурување на ефективни правни лекови за поврат на имотот.
12.6 Државите треба да ги вклучат постапките, институциите и механизмите за поврат на станбен, земјиштен и друг имот во мировните договори и во договорите за доброволна репатријација. ...”
13.Пристапност на постапките за поднесување барање за поврат на имот
„13.1 Секое лице на кое што му бил произволно или незаконски одземен станбен, земјиштен и/или друг имот треба да биде во можност да поднесе барање за поврат на имотот и/или обесштетување на некое независно и непристрасно тело, да биде донесена одлука во однос на неговото барање и да биде известено за таквата одлука. Државите не треба да утврдуваат какви било предуслови за поднесување на барањето за поврат на имот.
...
13.5 Државите треба да вложат напори да воспостават центри и канцеларии за обработка на барањата за поврат на имот насекаде во засегнатите подрачја во кои што тековно живеат можните подносители на барањата. За да се овозможи најголемиот пристап за засегнатите лица, треба да постои можност за поднесување на барањата за поврат на имот по пошта или преку полномошник, како и лично. ...
...
13.7 Државите треба да изготват обрасци на барањето за поврат на имот што се едноставни и лесно разбирливи ...
...
13.11 Државите треба да осигурат дека се обезбедува соодветна правна помош, по можност бесплатно ...
...”
15.Евиденција и документација за станбен, земјиштен и друг имот
“...
15.7Државите може, во ситуации на масовно раселување каде што постојат малку документирани докази во однос на сопственост или правото на владение, да усвојат конечна претпоставка дека лицата што ги напуштиле своите домови во определен период што се карактеризира со насилство или катастрофа го сториле тоа поради причини што се поврзани со насилството или катастрофата и, според тоа, имаат право на поврат на станбен, земјиштен и друг имот. Во таквите случаи, административните и судските власти може независно да ги утврдуваат фактите што се поврзани со недокументираните барања за поврат на имот.
...”
21.Обесштетување
„21.1 Сите бегалци и раселени лица имаат право на целосно и ефективно обесштетување како составен дел на процесот за поврат на имот. Обесштетувањето може да биде парично или во натура. Државите, за целите на почитувањето на принципот на ресторативната правда, осигуруваат дека обесштетувањето како правен лек се користи единствено кога фактички не е можно да се искористи повратот на имот како правен лек, или кога оштетената страна со знаење и доброволно го прифаќа обесштетувањето во замена за повратот на имотот, или кога условите и одредбите на мирното решение постигнато преку преговори предвидуваат комбинација од обесштетување и поврат на имот.
...”
Б. Совет на Европа
85. Телата на Советот на Европа во повеќе наврати ги адресираа прашањата во врска со враќањето на имотот на внатрешно раселените лица (ВРЛ) и бегалците. Следниве Резолуции и Препораки се од особено значење во контекст на овој предмет:
1. „Решавање на имотните прашања на бегалците и раселените лица“, Парламентарно собрание (ПС) Резолуција 1708 (2010)
86. Парламентарното собрание укажало дека дури 2.5 милиони бегалци и внатрешно раселени лица се соочувале со раселување во земјите-членки на Советот на Европа, особено во северен и во јужен Кавказ, на Балканот и во источното Средоземје, и дека раселувањето често било пролонгирано така што засегнатите лица не можеле да се вратат или да добијат пристап до своите домови и земја од 1990-тите години и порано (став 2).
„3. Уништувањето, заземањето или конфискувањето на напуштените имоти претставува кршење на правата на засегнатите лица, го продолжува раселувањето и го усложнува процесот на помирување и градење мир. Оттаму, враќањето на имотот – т.е. враќањето на правата и физичкото владение врз имотот во корист на раселените поранешни жители – или обесштетувањето се неопходни форми на правна заштита за обновување на правата на поединецот и на владеењето на правото.
4. Парламентарното собрание смета дека враќањето на имотот е оптимален одговор на губењето на пристапот и правата врз станбен, земјиштен и друг имот бидејќи, како единствена форма меѓу останатите форми на правна заштита, го олеснува изборот меѓу три „трајни решенија“ за раселувањето: безбедно и достоинствено враќање на лицето во неговиот изворен дом; локално интегрирање во местото на раселување; или населување на некое друго место во земјата или надвор од нејзините граници.“
Парламентарното собрание потоа упатува на инструментите на Советот на Европа за човековите права, особено Европската конвенција за човекови права, Европската социјална повелба и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, како и на Пинхеиро принципите на ОН и ги повикува земјите-членки да ги преземат следните мерки:
„9. Со оглед на горенаведеното, Собранието ги повикува земјите-членки да ги решат пост-конфликтните проблеми со станбените, земјишниот и другиот имот на бегалците и внатрешно раселените лица, земајќи ги предвид Пинхеиро принципите, релевантните инструменти на Советот на Европа и Препораката Rec (2006)6 на Комитетот на министри.
10.Имајќи ги на ум овие релевантни меѓународни стандарди и искуството од програмите за враќање на имотот и обесштетување што се спроведени во Европа досега, земјите-членки се повикуваат да:
10.1. Гарантираат навремена и ефективна правна заштита за губењето на пристапот и правото на станбен, земјиштен и друг имот напуштен од страна на бегалците и внатрешно раселените лица без оглед на можните преговори за решавање на вооружените судири или за статусот на определена територија;
10.2. Осигурат дека таквата правна заштита е во облик на поврат на имотот што ги потврдува законските права на бегалците и раселените лица врз нивниот имот и обновувањето на нивниот безбеден пристап до и владение на таквиот имот. Кога повратот на имотот не е можен, мора да се обезбеди соодветно обесштетување, преку потврдување на претходните законски права врз имотот и обезбедување пари и стоки што разумно соодветствуваат на нивната пазарна вредност, или преку други форми на правично обесштетување;
10.3 осигурат дека на бегалците и раселените лица кои немале формално признаени права пред нивното раселување, но чие што уживање на нивниот имот било третирано како de facto важечко од страна на властите, им се доделува еднаков и ефективен пристап до правни лекови и правна заштита за одземаниот имот. Ова е особено важно кога засегнатите лица припаѓаат на социјално ранливите категории или на малцински групи;
...
10.5 осигурат дека отсуството од живеалиштата на носителите на потстанарски и станарски права кои биле присилени да ги напуштат своите домови се смета за оправдано сè додека не се исполнат условите за нивно доброволно враќање во безбедност и достоинство;
10.6 обезбедат брзи, достапни и ефективни постапки за барање поврат на имотот. Во случаите на систематско раселување и одземање на имотот, се воспоставуваат посебни судски тела за оценување на барањата за поврат на имотот. Таквите тела треба да применуваат забрзана постапка што вклучува снижени стандарди за обезбедување докази и олеснување на постапката. Сите видови имот што се од значење за станбените потреби и потребите за заработување за живот на раселените лица треба да бидат во нивната надлежност, вклучувајќи ги домовите, земјоделското земјиште и деловните имоти;
10.7 ја осигурат независноста, непристрасноста и стручноста на судските тела, вклучително и преку соодветни правила во врска со нивниот состав што може да предвидуваат вклучување меѓународни членови. ...
...”
2. „Бегалци и раселени лица во Ерменија, Азербејџан и Грузија“, Резолуција на ПС 1497 (2006)
87. Во оваа резолуција, Парламентарното собрание конкретно ги повикува Ерменија, Азербејџан и Грузија:
„12.1 да ги фокусираат своите напори на наоѓање мирно решение за судирите во регионот со цел да се создадат услови за доброволно враќање на бегалците и раселените лица во местата од каде што потекнуваат, безбедно и достоинствено;
...
12.4.да го утврдат враќањето на раселените лица како приоритетно прашање и да сторат сè што е можно во своите преговори за да им овозможат на овие луѓе да се вратат во безбедност дури и пред постигнувањето на конечно решение;
...
12.15. да ја развиваат практичната соработка во однос на истрагите за судбината на исчезнатите лица и да го олеснат враќањето на документите за идентификација и особено повратот на имотот, користејќи ги искуствата во справувањето со сличните проблеми на Балканот.“
3.Препорака на Комитетот на министри до земјите-членки во врска со внатрешно раселените лица, Rec(2006)6
88. Комитетот на министри го препорачува особено следново:
„8. Внатрешно раселените лица имаат право на уживање на својот имот и сопственост во согласност со правото за човековите права. Особено, внатрешно раселените лива имаат право на повторно стекнување на владение врз својот имот што го напуштиле по своето раселување. Ако имотот на внатрешно раселените лица бил одземен, таквото одземање треба да доведе до соодветно обесштетување.“
ПРАВОТО
I. ВОВЕД
89. Со одлука од 14 декември 2011 година, Судот ги прогласи жалбите на жалителите за допуштени. Судот, исто така, ги разгледал шесте прелиминарни приговори што беа поднесени од страна на тужената држава врз основа на член 35 на Конвенцијата. Три од нив - во врска со прашањето дали материјата веќе била предмет на некоја друга постапка за меѓународна истрага или решавање, непостоењето на надлежност ratione temporis и непочитувањето на шестмесечното правило, соодветно – биле отфрлени. Останатите три приговори биле приклучени кон основите и се разгледуваат долу по следниов редослед: исцрпување на домашните правни средства, статусот на жртви на жалителите и надлежноста на тужената држава врз предметната територија.
II. ИСЦРПУВАЊЕ НА ДОМАШНИТЕ ПРАВНИ СРЕДСТВА
A. Поднесоци на страните
1. Жалителите
90. Жалителите тврделе дека ерменските власти ги спречиле како раселени лица да се вратат во своите домови и дека ова било одраз на потврдена официјална политика и, соодветно, административна практика. Во овие околности, тие немале пристап до какви било домашни правни средства.
91. Покрај тоа, не постоеле никакви правни средства што им биле познати – било во Република Ерменија или во „РНК“ – што можеле да бидат ефективни во однос на нивните жалби. Наводно, непостоењето на домашни правни средства било најјасно прикажано од меѓународните дискусии во врска со правото на враќање на внатрешно раселените лица. Ова прашање, што претставувало една од најголемите разлики меѓу страните во тековните преговори во рамките на Групата Минск на ОБСЕ, останало нерешено. Жалителите не поднеле какви било „барања“ за враќање и се сомневале дека постои каков било форум до кој што би можеле да се достават таквите барања. Наводно, поднесувањето на барањето во секој случај би било целосно бесцелно. Дополнително, со оглед на негирањето на каква било поврзаност со настаните што се поврзани со судирот во Нагорно-Карабах од страна на Република Ерменија, жалителите тврделе дека би било противречно да се очекува од нив да се обратат на властите во Република Ерменија.
92. Жалителите понатаму тврделе дека тужената држава го поднесувала товарот на докажување за покажување дека постоело правно средство и дека тоа било и теоретски и практично ефективно и, особено, дека тоа било успешно користено од некои страни во парница што биле во слична положба како нивната. Тие тврделе дека Владата не успеала да го префрли овој товар на другата страна. Конкретно, ниеден од примерите на предмети што ги навела Владата во своите забелешки кон Советот во јули 2007 година не се однесувале на правото на враќање и уживање на правото на имот или на приватен и семеен живот. Единствено во своите забелешки од јули 2012 година Владата укажала на определени уставни правни средства во Ерменија и во „РНК“ и тврдела дека жалителите во кое било време можеле да влезат во спорните територии, најмалку за целите на остварувањето на своите законски права. Читани заедно со претходните забелешки на Владата, каде овие средства не се спомнуваат и каде враќањето и обесштетувањето на раселените лица било условено со сеопфатна и конечна спогодба за решавање на судирот, поднесоците од 2012 година немале кредибилитет. Дополнително, тие не содржеле какви било примери за правна заштита што фактички им била понудена на државјани на Азербејџан за повреди на правата од видовите што се спомнуваат во овој предмет.
2. Тужената Држава
93. Ерменската Влада тврдела дека жалителите не ги исцрпеле домашните правни средства бидејќи тие не покажале дека преземале какви било чекори за заштита или враќање на своите права. Конкретно, жалителите не поднеле жалба пред ниедно судско или административно тело во Република Ерменија. Дополнително, сметајќи дека предметните територии биле под надлежност и контрола на „РНК“, Владата тврдела дека „РНК“ ги поседувала сите судски и административни тела што биле способни да ги заштитат правата на поединците. Жалителите наводно можеле да добијат визи и за Ерменија и за „РНК“ за да бараат правни совети, дури и бесплатно од службите на „јавниот правобранител“, и да поднесат тужбени барања за поврат на имот или за обесштетување против ерменската армија и властите на „РНК“ пред независни и непристрасни судови. Што се однесувало до Ерменија, оваа можност постоела уште од ратификацијата на Конвенцијата во април 2002 година. Заземаните ставови во преговорите во рамките на Групата Минск на ОБСЕ се однесувале на враќањето на сите раселени лица и не биле од никакво значење за ситуацијата на поединци што сакале да ги остварат своите законски права.
94. Покрај тоа, Владата тврдела дека уставите и останатите закони во Ерменија и во „РНК“, особено нивните закони за земјиштето и граѓанските законици, ги заштитувале имотните права на поединецот, предвидувале поврат или обесштетување за одземеното земјиште и не правеле разлика меѓу права на државјаните и на странците.
95. За да ја покаже ефективноста на ерменските правни средства за луѓето од курдска или азербејџанска етничка припадност, Владата, во јуни 2007 година, поднела три судски предмети: еден предмет се однесувал на амнестијата што му била дадена на осудено лице со, наводно, азербејџанско државјанство, другиот предмет се однесувал на заемната спогодба што била постигната меѓу лице со курдско етничко потекло и неговиот работодавач во спор за неисплатена плата, и третиот предмет се однесувал на спорот меѓу лице со курдско етничко потекло и локалната ерменска администрација во врска со продолжувањето на договор за закуп на земјиште. Дополнително, Владата поднела три предмети што биле разгледувани од страна на судовите во „РНК“ за да покаже дека имало ефективни судски правни средства во тој регион: два предмети се однесувале на лица со ерменска етничка припадност што биле осудени за кривични дела и што живееле во „РНК“, а третиот предмет се однесувал на спор за наследство меѓу две физички лица, очигледно со ерменско етничко потекло.
3. Владата на Азербејџан, трета страна што и се приклучила на постапката
96. Според Владата на Азербејџан, тужената држава не ја исполнила својата обврска да наведе кои правни средства постоеле во Република Ерменија или во „РНК“ што можеле да бидат ефективни во дадените околности и дека дополнително не обезбедила каков било пример за раселен азербејџански државјанин што успешно ги искористил таквите наводни, но сепак целосно неодредени, правни средства. Во врска со ова, Владата на Азербејџан тврдела дека законите за земјиште на Ерменија и „РНК“ не предвидувале какви било правила или механизми со кои што лицата што биле раселени во околности слични на оние на жалителите би можеле да добијат поврат или обесштетување за одземениот имот.
97. Понатаму, со оглед на општиот контекст, наводно не постоела потреба за исцрпување на домашните правни средства поради административните практики или посебните околности. Било направено упатување, inter alia, до континуираните тензии и непријателства во регионот, прогласувањето на воена состојба во Нагорно-Карабах и во останатите окупирани територии и промислената политика на охрабрување на ерменските доселеници да се селат особено во реонот на Лачин.
98. Владата на Азербејџан тврдела дополнително дека кои било правни средства за кои што тужената држава би можела да тврди дека биле достапни пред ерменските судови и органи по дефиниција не можеле да бидат ефективни земајќи го предвид декларативниот став на Ерменија дека „РНК“ е независна држава под чија што надлежност и контрола е Лачин. Покрај тоа, територијалната рамка што е релевантна за „декларацијата за независност“ на „РНК“ во септември 1991 година ги исклучувала останатите области на Азербејџан што биле окупирани подоцна, вклучувајќи го и реонот на Лачин, врз кои, согласно со тоа, судовите во „РНК“ не можеле да ја вршат својата надлежност.
Б. Процената на Судот
1. Допуштеност на дополнителни поднесоци
99. Треба прво да се забележи дека, на 20 јануари 2014 година - две седмици по истекувањето на продолжениот рок утврден од страна на Судот за поднесување на дополнителни документарни материјали – тужената држава поднесе неколку документи, вклучувајќи две пресуди што наводно ги потврдуваат права на сопственост за приватни домови и околното земјиште што се наоѓаат во спорните територии на два раселени тужители од азербејџанска националност. Пресудите биле издадени во 2003 и 2005 година, соодветно, од страна на „Првостепен суд на Република Нагорно-Карабах“.
100. На 22 јануари 2014 година, Претседателот на Судот, по извршените консултации со Големиот совет, одлучи, во согласност со Правилата 38 § 1 и 71 § 1 од Деловникот на Судот, дека спомнатите документи, поради нивното задоцнето поднесување, не треба да се вклучат во досието на предметот. Тужената држава не дала задоволително образложение зошто документите не биле навремено поднесени. Судот забележува, во врска со ова, дека тужената држава била повикана, на 8 јуни 2006 година, да поднесе забелешки во писмена форма во предметот и дека од нив, како тогаш, така и подоцна во постапката, било побарано посебно да го разгледаат прашањето за исцрпувањето на правните средства. Во ниеден од овие случаи не биле спомнати пресудите од 2003 и 2005 година. Согласно со тоа, овие документи нема да се земат предвид.
2. Општи принципи за исцрпувањето на домашните правни средства
101. Судот повторува дека е од исконско значење механизмите за заштита што се воспоставени од Конвенцијата да бидат супсидијарни на националните системи за заштита на човековите права. Судот се занимава со надзорот врз спроведувањето од договорните земји на нивните обврски од Конвенцијата. Тој не може, и не смее, да ја узурпира улогата на договорните земји, чија што одговорност е да осигурат дека основните права и слободи што се вградени во неа се почитуваат и заштитуваат на национално ниво. Оттаму, правилото за исцрпување на домашните правни средства претставува незаменлив дел од функционирањето на овој систем за заштита. Државите се ослободени од обврската да одговараат пред некое меѓународно тело за своите постапки пред да имаат можност да ги поправат работите преку сопствените правни системи и оние кои сакаат да се применат надзорните надлежности на Судот во однос на жалби против некоја држава, според тоа, се обврзани прво да ги искористат правните средства што им се обезбедени од страна на националниот правен систем (видете, меѓу останатите релевантни предмети, Akdivar and Others v. Turkey, 16 септември 1996, § 65, Извештаи за пресуди и одлуки 1996‑IV). Судот не може да нагласи доволно дека тој не претставува првостепен суд; тој нема капацитет, ниту пак е соодветно со оглед на неговата функција како меѓународен суд, да одлучува по голем број предмети за кои што е потребно утврдување на основната фактичка состојба или за пресметка на паричните надоместоци – и двете, како предмет на принципите и ефективната практика, треба да бидат во полето на домашната надлежност (видете Demopoulos and Others v. Turkey (dec.) [GC], бр. 46113/99, 3843/02, 13751/02, 13466/03, 10200/04, 14163/04, 19993/04 и 21819/04, § 69, ECHR 2010; и Niazi Kazali and Hakan Kazali v. Cyprus (dec.), бр. 49247/08, § 132, 6 март 2012 г.).
102. Судот ги има утврдено општите начела што се однесуваат на исцрпувањето на домашните правни средства во повеќе пресуди. Во предметот Akdivar and Others v. Turkey (цитиран горе) Судот утврди како што следува (натамошните упатувања до предмети – во загради - се избришани):
„65. Судот потсетува дека правилото за исцрпување на домашните правни средства што се спомнува во член [35] на Конвенцијата ги обврзува оние што сакаат да ги изнесат своите предмети против државата пред некој меѓународен судски или арбитражен орган прво да ги искористат правните средства што се предвидени во домашниот правен систем. Според тоа, државите се ослободени од обврската да одговараат пред некое меѓународно тело за своите постапки пред да бидат во можност да ги поправат работите преку сопствениот правен систем. Правилото се заснова врз претпоставката, одразена во член 13 на Конвенцијата – со кој што е во тесна врска –, дека постои ефективно правно средство во однос на наводната повреда што е достапно во домашниот систем, без оглед на тоа дали одредбите на Конвенцијата се вградени во националното право или не. На овој начин, таа претставува важен аспект на начелото дека механизмот за заштита што е воспоставен со Конвенцијата е супсидијарен на националните системи за заштита на човековите права (...).
66. Во согласност со член [35] жалителот би требало редовно да искористи правни средства што се достапни и доволни за да му обезбедат правна заштита во однос на наводните повреди на правата. Постоењето на предметните правни средства мора да биде доволно сигурно, не само теоретски туку и во практиката, и доколку е не исполнет тој услов, правните средства нема да ја поседуваат потребната достапност и ефективност (...).
Член [35], исто така, бара дека жалбите што се планира потоа да бидат поднесени во Стразбур требало да бидат поднесени на соодветното домашно тело, барем материјално, и во согласност со формалните барања и роковите што се утврдени во домашното право и, понатаму, дека требало да бидат искористени сите процедурални средства со кои што можела да се спречи повредата на одредбите на Конвенцијата (...).
67. Меѓутоа, како што е наведено горе, не постои обврска за искористување правни средства што се несоодветни или неефективни. Покрај тоа, во согласност со „општо признаените правила на меѓународното право“ може да постојат посебни околности што го ослободуваат жалителот од обврската за исцрпување на домашните правни средства што му се на располагање (...). Правилото, исто така, е неприменливо во случаите кога административната практика што се состои од повторување на постапки што не се компатибилни со Конвенцијата и ако се покажало дека државните органи службено ги толерираат таквите постапки, и е од таква природа што прави поведувањето на постапките да биде бесцелно или неефективно (...).
68. Во областа на исцрпувањето на домашните правни средства постои поделба на товарот на докажување. Владата што тврди дека не биле исцрпени средствата има обврска да го убеди Судот дека средството било ефективно и теоретски и практично достапно во релевантното време, т.е., дека тоа било пристапно, било со таква природа што можело да обезбеди правна заштита во однос на жалбите на жалителот и дека нудело разумни изгледи за успех. Меѓутоа, по задоволувањето на ваквиот товар на докажување, останува на жалителот да покаже дека средството што било ставено на располагање од Владата всушност било исцрпено, или дека истото од определени причини било несоодветно и неефективно во конкретните околности на предметот, или дека постоеле посебни околности што го ослободуваат жалителот од таквата обврска (...). Една од таквите причини може да настане кога националните власти остануваат целосно пасивни кога се соочуваат со сериозни наводи за злоупотреба или нанесување штета од страна на државни службеници, на пример кога тие не спровеле истрага или не понудиле помош. Во таквите околности може да се каже дека товарот на докажувањето повторно преминува на Владата, така што Владата повторно има одговорност да покаже што сторила во однос на обемот и сериозноста на предметот на жалбата.
69. Судот нагласува дека примената на правило мора соодветно да го земе предвид фактот дека тоа се применува во контекст на механизмот за заштита на човековите права што договорните страни се договориле да го воспостават. Според тоа, тој прифаќа дека член [35] мора да се применува со определен степен на флексибилност и без непотребен формализам (...). Судот понатаму прифаќа дека правилото за исцрпување не е ниту апсолутно ниту погодно за автоматска примена; при разгледувањето дали тоа правило било почитувано, од суштинско значење е да се земат предвид посебните околности на секој поединечен предмет (...). Ова значи, меѓу другото, дека Судот мора реалистично да го процени не само постоењето на формални правни средства во правниот систем на засегнатата договорна земја, туку треба да ги земе предвид и општиот правен и политички контекст во кој што функционираат таквите правни средства, како и личните околности на жалителите.“
3.Примената на овие начела врз фактите на предметот
103. Иако останала на тврдењето дека Република Ерменија немала надлежност врз Нагорно-Карабах и, особено, врз реонот на Лачин, тужената држава тврдела дека жалителите можеле да добијат правна заштита од судските и административните тела во Република Ерменија и во „РНК“. Таа упатила на одредбите од законите на двата ентитета во врска со спорови за земјиште, вклучувајќи ги прашањата за поврат на имот и обесштетување во случај на незаконито поседување на таквиот имот од некое друго лице. Тужената држава, исто така, доставила изјави од домашните судии и функционери во смисла на тоа дека судовите во Ерменија и „РНК“ се независни и непристрасни и се подготвени да одлучуваат во предмети што се поведени од страна на азербејџански државјани без дискриминација. Жалителите и Владата на Азербејџан, пак, тврделе дека законите на Ерменија и на „РНК“ не предвидувале каква било правна заштита за раселените лица на кои што им бил одземен имотот во околности слични на околностите на жалителите.
104. Судот заклучува дека, во однос на прашањето за исцрпувањето на домашните правни средства, тој не треба да утврдува дали Република Ерменија може да се смета дека има надлежност врз предметната област и дали таквата надлежност би имала ефект врз функционирањето на нејзините домашни правни средства за прашањата на повратот или обесштетувањето за имот што се наоѓа во спорните територии. Причината за ова лежи во фактот што тужената држава не покажала дека постои правно средство – било во Ерменија или во „РНК“ – што може да обезбеди правна заштита во однос на жалбите на жалителот. Законските одредби до кои што таа упатила се од општ карактер и не ја адресираат специфичната ситуација на одземање на имот како резултат на вооружен судир или не се однесуваат на каков било друг начин на некоја ситуација што е слична на ситуацијата на жалителите. Во врска со домашните пресуди што се поднесени како пример во јуни 2007 година (видете став 109 горе), ниедна од нив не се однесува на тужбени барања во врска со губење на домот или имотот од страна на лица што се раселени во контекст на судирот во Нагорно-Карабах.
105. Треба, исто така, да се забележи дека Република Ерменија негирала дека нејзините вооружени сили или други власти биле вмешани во настаните што довеле до жалбите во овој предмет или дека Ерменија има - или имала во кое било време – надлежност врз Нагорно-Карабах и околните територии. Со оглед на таквото негирање на вмешаноста или надлежноста, не би било разумно да се очекува од жалителите да поднесат барања за поврат на имот или за обесштетување пред ерменските судови и власти. Дополнително, мора да се предвид политичкиот и општиот контекст. Како последица од војната, речиси сите Азербејџанци заминале од спорните територии. Досега не е постигнато никакво политичко решение за судирот. Напротив, се чини дека непријателската реторика меѓу лидерите на Ерменија и Азербејџан се интензивирала, кршењата на примирјето често се зачестени и зголемувањето на воените сили во регионот ескалираше во последните години. Во овие околности, не е реалистично дека кое било можно правно средство во непризнаениот ентитет „РНК“ би можело во практиката да им обезбеди ефективна правна заштита на раселените Азербејџанци.
106. Во овие околности, Судот смета дека тужената држава не успеала да го префрли на жалителите товарот на докажувањето на достапноста на правно средство што може да им обезбеди правна заштита во однос на нивните жалби од Конвенцијата и да понуди добри изгледи за успех. Оттаму, приговорот на Владата за неисцрпување на домашните правни средства се отфрла.
III. СТАТУСОТ НА ЖРТВИ НА ЖАЛИТЕЛИТЕ
A. Поднесоци на страните
1. Жалителите
121. Жалителите тврделе дека тие поднеле документација со својата жалба и со последователните забелешки кон предметот што претставувала доволен доказ за нивниот идентитет и за фактот дека тие биле сопственици или имале право на користење на имот што може да се идентификува во предметната територија и дека тие престојувале таму во времето кога морале да побегнат, во мај 1992 година. Тие упатиле, inter alia, на техничките пасоши, изјави од сведоци и фактури за градежни материјали и субвенции за градба. Во однос на техничките пасоши, жалителите тврделе дека тие, во сите поединости, ги исполнувале формалните барања во согласност со домашното право што било во сила во материјалното време. Тие објасниле дека отстапувањата меѓу изјавите што биле дадени во образецот на жалбата и спецификациите што биле содржани во пасошите се должеле на тоа што изјавите биле дадени на нивниот застапник во тешки околности во Баку на почетокот на 2005 година, за време на кратка средба. Првичните изјави биле дадени од сеќавање, без пристап до документи и, според тоа, информациите што биле содржани во пасошите биле точните информации што треба да се земат предвид. Жалителите понатаму тврделе дека пасошите претставувале второстепени докази за нивните имоти. Дополнително, шестиот жалител поднел првостепени докази во форма на извод од записникот на седницата на Советот на народните депутати на реонот Лачин од 29 јануари 1974 година што ја содржел одлуката да му се распредели земјиште. Кога побегнале, тие немале време да ги земат сите документи со себе. Дополнително, во тоа време не постоел централизиран катастарски регистар од каде можеле да добијат дополнителни документи.
107. Жалителите тврделе дека, во согласност со Законот за домување од 1970 година и Законот за земјиште од 1983 година на ССР Азербејџан, што сè уште биле во сила во времето кога тие побегнале, граѓанинот имал право на сопственост на својата индивидуална куќа и наследно право на користење земјишна парцела во согласност со намената за која што била распределена таквата парцела. Двете права наводно претставувале сопственост во смисла на член 1 на Протокол бр. 1 на Конвенцијата. Покрај тоа, Законот за сопственост од 1991 година на Република Азербејџан содржел упатување до земјишна парцела како предмет на лична сопственост и на тој начин на жалителите им дал легитимно очекување дека ќе станат сопственици на земјиште.
2. Тужената Држава
108. Владата на Ерменија тврдела дека, со исклучок на шестиот жалител, жалителите со својата жалба не поднеле какви било докази што може да докажат дека тие фактички имале каков било имот, уште помалку дека имотот се наоѓал во наведената територија и дека тие биле неговите сопственици во релевантното време. Според мислењето на Владата, интересно било тоа што, иако сите тврделе дека морале да побегнат со празни раце, техничките пасоши на петте други жалители подоцна се појавиле од никаде. Понатаму, изјавите на пријателите и соседите што биле доставени до Судот не претставувале ништо повеќе од докази од втора рака. Во однос на сите жалители, Владата тврдела дека тие не успеале да докажат „без разумно сомневање“ дека тие биле лицата што тврдат дека се, дека имале живеалиште во териториите што биле наведени од нив или дека биле сопственици на предметниот имот. Конкретно, документите што биле обезбедени од нив содржеле бројни противречности и неточности. На пример, вториот жалител прво тврдел дека живеел во селото Чираг а потоа го променил ова во Чирагли. Покрај тоа, најголемиот дел од техничките пасоши што биле поднесени како доказ за сопственоста содржеле различни бројки во врска со големината на куќите од бројките што биле наведени од самите жалители. Владата, исто така, тврдела дека техничкиот пасош е документ што ја покажува техничката состојба на една зграда и ништо повеќе од тоа, освен ако не се утврди неговиот извор и потекло.
109. Владата понатаму изразила сомневање дали жалителите воопшто некогаш биле носители на право врз наводните имоти што било признаено во согласност со законот што бил во сила во 1992 година или било потврдено од страна на соодветните власти. Конкретно, во рамките на социјалистичкиот систем на СССР пред 1991 година, земјиштето била исклучително во државна сопственост. Иако Законот за сопственост од 1991 година ја признавал можноста за приватна сопственост, со него не бил извршен пренос на земјиштето што било населено од поединци во нивна приватна сопственост. Во однос на индивидуалните корисници и закупци на земјиште, законодавството предвидувало дека нивните права се формализираат со потврда, што била евидентирана во катастарски регистар што го водел локалниот Совет на народни депутати. Оттаму, не може да се полагаат какви било права врз земјиште без таквата евидентирана потврда. Дополнително, азербејџанскиот Закон за земјиште од 1992 година предвидувал дека правата на корисникот или закупецот може да згаснат по некористење на земјиштето во временски период од две години. Бидејќи жалителите не се вратиле во реонот Лачин по 1992 година, Владата претпоставила дека нивните наводни права престанале пред Ерменија да стане предмет на надлежноста на Судот во 2002 година. Исто така, наводното легитимно на жалителите дека ќе станат сопственици на земјиштето повеќе не било реалистично очекување во 2002 година. Понатаму, пред тој датум, наводниот имот на жалителите бил распределен на други лица, при што нивните имиња се евидентирани во катастарскиот регистар во согласност со законите на „РНК“. Оттаму, жалителите немале никакви „постоечки имоти“ туку биле само подносители на барање што сакале нивниот имот да биде вратен или да добијат обесштетување. Ерменската Влада тврдела дека не постоело домашно законодавство или судска одлука што би дала повод за легитимно очекување за таков поврат на имот или обесштетување. Меѓутоа, во истите забелешки, Владата навела дека „РНК“ не донела каков било правен акт со кој им го одземала на жалителите правото на влез во територијата на Лачин или правото на мирно уживање во својата сопственост.
3. Владата на Азербејџан, трета страна што и се приклучила на постапката
110. Владата на Азербејџан укажала дека речиси сите раселени лица морале да ги напуштат своите домови во окупираните територии набрзина, без да имаат време да ги соберат документите. Во сегашно време било невозможно да се добијат документи за сопственоста бидејќи евиденцијата била водена од страна на локалните власти и нивните архиви најверојатно биле уништени. Меѓутоа, техничкиот пасош бил класификуван како „пописно-технички“ документ што служел за индиректно утврдување на правото на индивидуална куќа во случајот кога недостигал оригиналниот документ. Овој документ претставувал второстепен доказ за правото на сопственост на куќа или земјишна парцела ако неговиот текст содржел директно упатување до документи со кои се потврдува правото на сопственост. Такво упатување било вклучено во техничките пасоши на жалителите. Оттаму, земени заедно со изјавите од сведоците и поднесените фактури за градба, тие покажувале дека жалителите поседувале индивидуални куќи и имале право на користење на земјишните парцели што им биле доделени. Овие права сè уште постоеле.
111. Владата на Азербејџан понатаму изјавила дека, во времето на бегството на жалителите, приватната сопственост на индивидуални куќи била заштитена со сè уште важечките закони на ССР Азербејџан. Меѓутоа, не постоела приватна сопственост во однос на земјиштето, што било исклучиво во државна сопственост. Сите трансакции со земјиште биле забранети, но земјишните парцели им биле доделувани со одлука на локалните власти, Советот на народните депутати, на граѓаните за користење на определено или неопределено време, бесплатно. Правото на користење, што било наследно право, било давано за цели како што се индивидуално домување, т.е. изградба на куќи во приватна сопственост, како и за пасишта, откос и земјоделство. Понатаму, Законот за сопственост од 1991 година во Република Азербејџан, иако сè уште не бил применлив во релевантното време, додал легитимно очекување на жалителите дека ќе станат сопственици на земјиштето.
Б. Процената на Судот
112. Разгледувањето на прашањето во врска со статусот на жртви на жалителите е двострано. Како прво, мора да се процени дали жалителите поднеле доволен доказ за својот личен идентитет и за поранешното жителство, како и за постоењето на средствата што тие наводно ги оставиле зад себе. Ако е така, треба да се утврди дали овие средства претставуваат „сопственост“ и помагаат во создавањето „дом“ во согласност со Конвенцијата. За утврдувањето на второто прашање важна е домашната правна класификација или значење.
1. Општи принципи за процена на барања што се однесуваат на имот и домови на раселени лица
113. Судот претходно има решавано предмети во врска со правата на сопственост и домување на лица што биле раселени како резултат на меѓународен или внатрешен вооружен судир. Прашањата се појавија во контекст на окупацијата на северен Кипар, дејствата на безбедносните сили во Турција и Русија, како и во некои други конфликтни ситуации.
114. Судот ги разгледуваше за првпат правата на раселените лица во однос на нивните домови и имоти во предметот Loizidou v. Turkey (основаност), 18 декември 1996, Извештаи 1996-VI). Жалителот тврдел дека е сопственик на повеќе земјишни парцели во северен Кипар. Турската Влада не ја довела во прашање полноважноста на правото на сопственост на жалителот, туку тврдела дека таа го загубила правото на сопственост врз земјиштето врз основа на член 159 на Уставот на „Турската Република Северен Кипар“ („ТРСК“) од 1985 година со кој сите напуштени недвижни имоти биле прогласени за сопственост на „ТРСК“. Судот, земајќи го предвид непризнавањето на „ТРСК“ како независна држава од страна на меѓународната заедница, не и припишал каква било правна важност на одредбата и сметал дека не може да се смета дека жалителот го загубил правото на сопственост за својот имот како резултат на таа одредба (§§ 42-47).
115. Во повеќе предмети поврзани со горенаведениот судир, Судот ја утврдил „сопственоста“ на жалителите во смисла на член 1 на Протокол бр. 1 на Конвенцијата врз основа на prima facie докази што Владата не успеала да ги побие, вклучувајќи копии од оригиналните имотни листови, потврди за регистрација, купопродажни договори и потврди за сопственоста издадени од Република Кипар. Како што беше објаснето од страна на жалителот во предметот Solomonides v. Turkey (бр. 16161/90, § 31, 20 јануари 2009 г.), неговите права на сопственост биле регистрирани во Окружната катастарска управа. Меѓутоа, во времето на турската воена интервенција тој бил присилен да побегне и не можел да ги земе со себе имотните листови. Властите на Република Кипар ја реконструирале катастарската евиденција и издале потврди за сопственоста. Овие потврди биле најдобрите достапни докази во отсуство на оригиналната евиденција или документи. Треба да се забележи дека во предметот Saveriades v. Turkey (бр. 16160/90, 22 септември 2009 г.) причините зошто жалителот не можел да ги поднесе оригиналните имотни листови биле посебно земени предвид. Жалителот тврдел дека тој бил присилен да ги напушти просториите каде што се чувале документите во брзање и последователно не бил во можност да се врати таму или на друг начин да ги земе имотните листови. Судот прифатил дека документите што биле поднесени од жалителот (како што се купопродажниот договор, потврдите за сопственост и дозвола за градење) обезбедувале prima facie докази дека тој имал право на сопственост врз предметните имоти, и навел (§ 18):
“... Со оглед на тоа што тужената држава не поднела убедливи докази како против-аргументи, и земајќи ги предвид околностите во кои што жалителот бил присилен да го напушти северен Кипар, Судот смета дека тој имал “сопственост’ во смисла на член 1 на Протокол бр. 1.“
116. Во предметот Doğan and Others v. Turkey (бр. 8803-8811/02, 8813/02 и 8815-8819/02, ECHR 2004-VI (извадоци)) што се однесува на присилното иселување на селаните од регион во југоисточна Турција во кој што била прогласена вонредна состојба и повеќегодишното одбивање да им се дозволи да се вратат, тужената држава поднела приговор дека дел од жалителите не поднеле имотни листови со кои што се потврдува дека тие поседувале имоти во предметното село. Судот сметал дека не било потребно да одлучува дали во отсуство на имотните листови жалителите имале сопственички права во согласност со домашното право. Наместо тоа, прашањето било дали севкупните економски активности што ги вршеле жалителите претставувале „сопственост“ во смисла на член 1 на Протокол бр. 1.Давајќи потврден одговор на ова прашање, судот го навел следново (§ 139):
“... Судот укажува дека е неспорно дека сите жалители живееле во селото Boydaş до 1994 година. Иако тие немале евидентиран имот, тие или имале изградено сопствени куќи на земјиштето на своите предци или живееле во куќи што биле во сопственост на нивните татковци и го обработувале земјиштето што им припаѓало на вториве. Судот понатаму укажува дека жалителите имале неприкосновени права врз општинското земјиште во селото, како што се пасиштата, ливадите и шумското земјиште, и дека тие заработувале за живот преку сточарство и сеча на дрва. Според тоа, според мислењето на Судот, сите овие економски ресурси и приходите што жалителите ги остварувале од нив може да се квалификуваат како „сопственост“ за целите на член 1.“
117. Самостојното значење на поимот „сопственост“ е прогласено во голем број пресуди и одлуки на Судот. Во предметот Öneryıldız v. Turkey (бр. 48939/99, § 124, ECHR 2004-XII), тоа е резимирано на следниов начин:
„Судот повторува дека поимот „сопственост“ во првиот дел на член 1 на Протокол бр. 1 има самостојно значење што не е ограничено на поседувањето физички ствари и е независно од формалната класификација во домашното право: прашањето што треба да се испита е дали околностите на предметот, разгледувани во целост, може да се смета дека му дале на жалителот право на сопственост врз материјалниот интерес што е заштитен со таа одредба ... . Според тоа, покрај физичките ствари, определени права и интереси што претставуваат имот може, исто така, да се сметаат за „имотни права“ и, оттаму, за „сопственост“ за целите на оваа одредба ... . Поимот „сопственост“ не е ограничен на „постоечката сопственост“ туку може да опфаќа и имот, вклучувајќи побарувања, во однос на кој што жалителот може да тврди дека има барем разумно и „легитимно очекување“ за добивање на ефективно уживање на правото на сопственост ... .”
Во тој предмет, Судот сметал дека живеалиштето што било бесправно изградено на јавно земјиште во близината на депонија за отпад, каде што жалителот и неговото семејство живееле непречено, иако бесправно, и плаќале општински данок и јавни комунални услуги, претставувало сопственички интерес што, de facto, бил признаен од властите и бил со таква природа и доволно препознаен да претставува сопственост во смисла на член 1 на Протокол бр. 1.
118. Прашањето дали жалителите го поткрепиле своето барање врз основа на член 1 на Протокол бр. 1 се јавило, исто така, во повеќе предмети против Русија, каде што домовите или другите имоти на жалителите биле уништени или оштетени како резултат на воздушните напади врз градовите каде што тие живееле. На пример, во предметот Kerimova and Others v. Russia (бр. 17170/04, 20792/04, 22448/04, 23360/04, 5681/05 и 5684/05, § 293, 3 мај 2011 г.), Судот го прифатил тврдењето за сопственост на жалителите врз основа на извадоци на попис на станбените објекти што ги издале градските власти по нападот, што покажувал дека жалителите биле сопственици на своите куќи. Во однос на жалителите што не поднеле каков било доказ за правото на сопственост, Судот го утврдил нивното право на сопственост врз основа на други докази, како што е потврдата за постојано живеалиште издадена од градските власти. Судот, исто така, сметал дека е веројатно дека какви било документи што го потврдуваат правото на сопственост врз куќите на жалителите биле уништени во текот на нападот.
119. Во ситуациите кога е утврдено дека жалителот бил сопственик на куќа, Судот не барал дополнителни документирани докази за неговото или нејзиното жителство таму за да се покаже дека куќата претставувала „дом“ во смисла на член 8 на Конвенцијата. На пример, во предметот Orphanides v. Turkey (бр. 36705/97, § 39, 20 јануари 2009 г.) Судот навел како што следува:
„Судот укажува дека Владата не поднела какви било докази што може да фрлат сомнеж врз изјавата на жалителот дека, во времето на турската инвазија, тој имал постојано живеалиште во Lapithos и дека тој и неговото семејство ја сметале неговата куќа за свој дом.“
120. Меѓутоа, ако некој жалител не поднесе какви било докази за правото на сопственост врз имотот или за постојано живеалиште, неговите жалби се осудени на неуспех (видете, на пример, Lordos and Others v. Turkey, бр. 15973/90, § 50, 2 ноември 2010 г., каде што Судот ја прогласил жалбата за некомпатибилна ratione materiae во отсуство на докази за сопственоста; видете го, исто така, заклучокот во однос на дел од жалителите во горенаведениот предмет Kerimova and Others v. Russia). Во неколку предмети Судот повторил дека од жалителите се бара да обезбедат доволно prima facie докази што ги поткрепуваат нивните жалби. Во предметот Damayev v. Russia (бр. 36150/04, §§ 108-111, 29 мај 2012 г.) Судот сметал дека жалителот што вложил жалба во врска со уништувањето на неговиот дом требало да поднесе барем краток опис на предметниот имот. Бидејќи не биле поднесени какви било документи или детални побарувања, било утврдено дека неговата жалба не е аргументирана. Како дополнителни примери за prima facie докази за сопственоста или постојаното живеалиште на некој имот, Судот спомнал документи како што се тапии за земјиште или имот, извадоци од катастарска или даночна евиденција, документи издадени од локалната самоуправа, планови, фотографии и потврди за одржување, како и докази за испорака на пошта, изјави од сведоци или какви било релевантни докази (видете, на пример, Prokopovich v. Russia, бр. 58255/00, § 37, ECHR 2004-XI, и Elsanova v. Russia (одлука), бр. 57952/00, 15 ноември 2005 г.).
121. Во кратки црти, судската практика на Судот развила флексибилен пристап во однос на доказите што треба да се обезбедат од страна на жалителите што тврдат дека го загубиле својот имот и домот во ситуации на меѓународен или внатрешен вооружен судир. Судот укажува дека сличен пристап е одразен во член 15 § 7 на Пинхеиро принципите на ОН (видете став 98 горе).
2.Примената на овие начела врз фактите на предметот
(а) Доказ за идентитетот и постојаното живеалиште
137. Иако жалителите, во времето на поднесувањето на оваа жалба, не поднеле документи што го покажуваат нивниот идентитет и постојано живеалиште, тие го сториле тоа по барањето од Големиот совет во април 2010 година. Документите вклучувале изводи од матична книга на родените, за нив и за нивните деца, изводи од матична книга на венчаните, пасоши на СССР, работнички книшки и извадоци од воени книшки (за детални информации, видете ставови 33-57 горе). Според мислењето на Судот, овие документи покажуваат дека сите жалители се родени во реонот Лачин и дека тие живееле и работеле таму, барем во поголемиот дел од своите животи. Земајќи ги предвид изјавите на самите жалители – и во отсуство на какви било докази за спротивното – мора да се смета дека тие сè уште живееле таму со своите семејства во времето кога побегнале на 17 мај 1992 година.
(б) Доказ за сопственоста
122. Жалителите тврделе дека тие поседувале или имале заштитени права на земјиште, куќи и определен движен имот што биле присилени да ги остават зад себе кога побегнале. Не е познато дали која било од куќите сè уште е сочувана, а наводниот движен имот најверојатно повеќе не постои. Оттаму, она што преостанува се првенствено земјишните парцели.
123. Првично, единствено шестиот жалител поднел документ што се однесува на сопственоста, таканаречен технички пасош. Останатите жалители доставиле такви докази дури откако одговориле на првите забелешки на тужената држава. Покрај техничките пасоши, сите жалители поднеле изјави од сведоци од поранешните соседи, кои потврдиле дека жалителите поседување куќи во соодветните села, како и изјави од претставници на азербејџанската управа во Лачин. Шестиот жалител поднел, исто така, одлука за распределба на земја што била донесена од Советот на народните депутати на реонот Лачин, како и фактури за сточна храна, градежни материјали и субвенции за градба.
124. Најзначајните докази што се доставени од страна на жалителите се техничките пасоши. Бидејќи претставуваат службени документи, тие содржат планови на куќите и ги наведуваат, меѓу другото, нивните димензии, површини и број на соби. Исто така, наведени се и површините на односните земјишни парцели. Пасошите датираат од јули 1985 година до август 1990 година и ги содржат имињата на жалителите. Покрај тоа, се чини дека пасошите вклучуваат упатувања до соодветните одлуки за распределба на земјиште.
125. Земајќи ги предвид поднесоците од Владата на Азербејџан, Судот смета дека техничките пасоши на жалителите мора да се сметаат за „пописно-технички документи“ што претставуваат посредни докази за правото на сопственост врз куќите и земјиштето што, дополнително, е во согласност со член 2.2 на Упатството за правила за регистрација на станбени објекти од 1985 година (видете став 92 горе). Понатаму, одлуката за распределба на земјиште што ја доставил шестиот жалител претставува примарен доказ во согласност со член 2.1 на тоа Упатство. Иако ерменската Влада ја оспорила доказната вредност на пасошите, тврдејќи дека тие ја покажуваат само техничката состојба на некоја зграда и ништо повеќе од тоа, Судот забележува дека тие не само што содржат спецификации за предметните куќи, туку ги вклучуваат и имињата на жалителите. Во дадените околности, тие обезбедуваат prima facie докази за правото на сопственост врз имотот што веќе биле прифатени од Судот во голем број претходни предмети.
126. Треба да се забележи дека, со исклучок на петтиот и шестиот жалител, постојат неусогласености меѓу првичните описи на куќите од страна на жалителите и податоците што се содржани во техничките пасоши што биле доставени подоцна во постапката. На пример, првиот жалител првично изјавил дека тој поседувал куќа од 250 метри квадратни. Меѓутоа, поднесениот технички пасош се однесува на куќа со вкупна површина од 408 метри квадратни и станбен простор од 300 метри квадратни (и стовариште од 60 метри квадратни што претходно не било спомнато). Слично на тоа, четвртиот жалител првично тврдел дека неговата куќа имала површина од 165 метри квадратни, додека, пак, куќата што е наведена во пасошот има вкупна површина од 448 метри квадратни и станбен простор од 223 метри квадратни (на кои што, повторно, е додадено претходно ненаведено стовариште од 75 метри квадратни). Жалителите изјавиле дека информациите што се содржани во пасошите се точните информации и дека нивните првични изјави биле дадени по сеќавање на кратка средба со нивниот застапник, кога тие немале пристап до документите.
Судот може да го прифати објаснувањето на жалителите; разликите меѓу нивните првични изјави и техничките пасоши, во дадените околности, не се од таква природа што може да ја доведе во прашање автентичноста на документите, особено ако бројките што биле првично наведени од страна на жалителите се споредат со површините на станбениот простор што се наведени во пасошите.
127. Жалителите поднеле дополнителни prima facie докази во однос на сопственоста, вклучувајќи изјави од поранешните соседи. Исто така, документите што се разгледуваат горе во однос на идентитетот и постојаното живеалиште на жалителите, што покажуваат дека тие имале постојано живеалиште во реонот Лачин, ги поткрепуваат нивните тврдења во однос на имотот. Покрај тоа, иако сите освен шестиот жалител не доставиле имотни листови или други првостепени докази, мора да се земат предвид околностите во кои што тие биле присилени да заминат од реонот, напуштајќи го кога дошло до воен напад. Според тоа, земајќи ги предвид доставените докази во целост, жалителите доволно ги аргументирале своите тврдења дека поседувале куќи и земјиште во времето на нивното заминување.
(в) Дали правата на жалителите се во опфатот на член 1 на Протокол бр. 1 и на член 8 на Конвенцијата
128. Останува да се утврди дали жалителите имале – и сè уште имаат – права на сопственост што се заштитени со член 1 на Протокол бр. 1 и дали имотот, разгледуван заедно со останатите лични околности на жалителите, претставувал нивен дом во смисла на член 8 на Конвенцијата. Како што се спомнува горе (видете став 132), поимот „сопственост“ во член 1 на Протокол бр. 1 е самостоен и не зависи од формалната класификација во домашното право. Меѓутоа, почетната точка на одлуката е да се утврди дали домашното право и практика ги давале или признавале правата што се заштитени во согласност со Конвенцијата.
145. Прво, треба да се забележи дека, иако законодавството за земјиштето што било донесено набргу по прогласувањето на независноста на Азербејџан за првпат го признало правото на приватна сопственост на земјиште, постапката со која што земјиштето можело да се приватизира не била воведена во релевантното време, односно, во мај 1992 година. Во секој случај, неспорно е дека жалителите не поднеле никакво барање да станат сопственици на земјиште. Покрај тоа, бидејќи правата што биле стекнати од страна на поединци врз основа на старото законодавство не биле укинати со донесувањето на законите за сопственоста од 1991/1992 година, законските права на жалителите врз куќите и земјиштето што тие ги поседувале во времето на своето бегство мора да се проценуваат со упатување до законите на ССР Азербејџан.
129. Во согласност со советскиот правен систем, граѓаните имале право да поседуваат станбени објекти, но не постоела приватна сопственост на земјиштето, што наместо тоа се сметало за државна сопственост. За ССР Азербејџан (вклучувајќи ги Нагорно-Карабах и реонот Лачин и останатите околни територии што сега се под окупација) овие правила биле утврдени во Уставот од 1978 година, како и во Законот за земјиште од 1970 година и Законот за домување од 1983 година. Член 10.3 на Законот за домување ја предвидувал сопственоста на куќи и Законот за земјиште, имено членовите 4, 25, 27 и 28, ги утврдувал правилата и постапките за распределба на земјиште на користење на поединци. Според тоа, куќите што биле населени од жалителите во реонот Лачин биле дел од нивниот личен имот, додека, пак, земјишните парцели на кои што биле сместени овие куќи биле под нивно „право на користење“. Како што веќе беше спомнато (видете став 138), движниот имот – стока, килими, автомобили – што жалителите тврделе дека ги поседувале (при што правата врз нив биле, исто така, заштитени со законите на ССР Азербејџан) најверојатно се уништени во текот на воениот напад врз Лачин или во следните години. Понатаму, нејасно е дали нивните куќи се уништени или сè уште се делумно или целосно сочувани. Според тоа, од суштинско значење е да се испита значењето на „правото на користење“.
130. „Правото на користење“ било единственото право на земјиште што можел да го стекне поединецот. Ова право, што било одобрувано од локалниот Совет на народни депутати, можело да се даде за неколку различни намени, вклучително за пасиште и земјоделско производство – и што е најважно во контекстот на овој предмет – за изградба на куќа. Корисниците биле обврзани да ги користат земјишните парцели строго за намената за која што тие биле распределени. „Правото на користење“ се давало на неопределено или определено време. Оттаму, ако некое лице било носител на „право на користење“ на неопределено време и ако ја почитувало утврдената намена, тоа лице можело да го користи земјиштето доживотно. Освен тоа, правото било наследно.
Оттаму, не постои сомневање дека „правото на користење“ што им било дадено на жалителите било цврсто и заштитено право што претставувало материјален економски интерес. Иако нема никаква назнака дека правата на жалителите биле од времена природа, Судот забележува, за целите на целосноста, дека овој заклучок е применлив за „правата на користење“ и на неопределено и на определено време. Земајќи го предвид самостојното значење од член 1 на Протокол бр. 1, „правото на користење“ на земјиштето, оттаму, претставувало „сопственост“ во согласност со таа одредба. Овој заклучок се применува и за правата на поединците врз станбени куќи и движен имот.
131. Во своите забелешки поднесени на 11 јули 2012 година тужената држава навела дека правата на жалителите врз земјиште веројатно би биле укинати врз основа на член 32, став 1(8) на Законот за земјиште од 1992 година, со оглед на тоа што тие не се вратиле на своето земјиште уште од мај 1992 година и оттаму не го користеле земјиштето во текот на две последователни години. Владата понатаму тврдела дека, во секој случај, земјиштето им било распределено на други лица во согласност со законите на „РНК“. Во поддршка на второто тврдење, тие поднеле повеќе документи од катастарот на „РНК“ од 2000 и 2001 година.
Во однос на првиот навод на Владата, Судот забележува дека за престанокот на правата врз земјиштето врз основа на член 32 на Законот за земјиште од 1992 година била неопходна одлука во таа смисла од локалниот Совет на народни депутати и, покрај тоа, било потребно некористењето на земјиштето да биде од неоправдани причини. Второво тешко би можело да се тврди во овој случај со оглед на военото присуство во релевантните територии од 1992/93 година. Во овие околности, тврдењето, што не претставува ништо повеќе од шпекулација, мора да се отфрли. Во однос на вториот навод на Владата, нејасно е на кое земјиште или кои сопственици се однесуваат поднесените катастарски документи. Дополнително, се чини дека тврдењето е противречно на изјавата дека „РНК“ не донела каков било правен акт со кој жалителите биле лишени од правото на мирно уживање на својата сопственост. Во секој случај, ова прашање веќе беше испитано во фазата на испитување на допуштеноста во однос на надлежноста на Судот ratione temporis по слично тврдење од страна на тужената Држава. Тврдењето било отфрлено врз следниве основи (видете став 102 на одлуката за допуштеноста):
„Во поодмината фаза на постапката Владата на Ерменија го претстави тврдењето дека властите на „РНК“, во 1998 година, донеле закон за приватизација и закон за земјиште, со кои биле изгаснати правата на земјиште на жалителите и останатите луѓе што побегнале од окупираните територии. Текстовите на овие закони не му беа поднесени на Судот. Во секој случај, Судот забележува дека „РНК“ не е признаена како држава врз основа на меѓународното право и од која било земја или меѓународна организација. Со оглед на ова, законите на кои што се повикала тужената држава не може да се сметаат за правно важечки за целите на Конвенцијата и жалителите не може да се смета дека ги загубиле своите наводни права врз предметното земјиште врз основа на таквите закони (видете Loizidou (основаност), цитиран горе, §§ 42-47).”
149. Како заклучок, во времето на своето напуштање на реонот Лачин, жалителите биле носители на права на земјиште и на куќи што претставувале „сопственост“ во смисла на член 1 на Протокол бр. 1.Нема никаква назнака дека тие права згаснале потоа – легитимно или на друг начин – било пред или по ратификацијата на Конвенцијата од страна на Ерменија. Оттаму, нивните сопственички права сè уште се важечки. Бидејќи жалителите, соодветно на тоа, поседуваат постоечки имоти, не постои потреба да се испитува нивното тврдење дека имале „легитимно очекување“ да станат формални сопственици на своето земјиште по донесувањето на Законот за земјиште од 1992 година.
132. Дополнително, земајќи го предвид горенаведениот заклучок дека жалителите живееле во реонот Лачин со своите семејства во времето на своето бегство и дека таму заработувале за живот, нивните земјишта и куќи мора, исто така, да се смета дека претставувале нивни „домови“ во смисла на член 8 на Конвенцијата.
133. Приговорот на Владата во однос на статусот на жртви на жалителите, според тоа, се отфрла.
IV. НАДЛЕЖНОСТ НА РЕПУБЛИКА ЕРМЕНИЈА
A. Поднесоци на страните
1. Жалителите
134. Жалителите тврделе дека Република Ерменија вршела ефективна контрола врз Нагорно-Карабах и околните територии, особено врз реонот Лачин, и дека прашањата за кои што се поднесени жалбите, според тоа, се во надлежноста на Ерменија во согласност со член 1 на Конвенцијата. Алтернативно, таквата надлежност произлегувала од власта или контролата на Ерменија врз предметната област преку нејзините службеници што работеле таму. Жалителите тврделе дека судската практика на Судот за ова прашање била воспоставена и упатиле, inter alia, на предметите Loizidou v. Turkey (цитиран горе), Ilaşcu and Others v. Moldova and Russia ([GC], бр. 48787/99, ECHR 2004-VII) и Al-Skeini and Others v. the United Kingdom ([GC], бр. 55721/07, ECHR 2011). Во однос на товарот на докажување, тие тврделе дека тестот не бил „без разумно сомневање“; наместо тоа, во овој предмет, постоела претпоставка на фактот дека Ерменија имала надлежност врз спомнатите територии и дека тужената Држава не успеала да ја побие таквата претпоставка.
135. Жалителите тврделе дека военото учество на Ерменија во Нагорно-Карабах било значително и дека доказите во таа смисла биле убедливи. Тие тврделе, inter alia, дека Ерменските регрути ги служеле своите воени рокови во Нагорно-Карабах. Врз основа на горенаведениот извештај на ХРВ од 1994 година, ерменските регрути биле испраќани во Нагорно‑Карабах и во околните азербејџански покраини, а воените сили од Ерменија учествувале во борбите во Азербејџан. Жалителите упатиле, исто така, на изјавите на различни политички лидери и набљудувачи што упатуваат на вмешаноста на ерменската армија, вклучувајќи ги горенаведените изјави на г. Robert Kocharyan и г. Vazgen Manukyan (видете став 62).
136. Жалителите како доказ за учеството на ерменската армија во воените акции ги понудиле и заробувањето на определен број ерменски војници од страна на азербејџанските единици и зголемениот интензитет на регрутирањето во Ерменија во материјалното време. Тие тврделе, понатаму, дека регрутите на ерменската армија сè уште биле испраќани на служба во Нагорно-Карабах, дека таквата служба на офицерите и на војниците им давала право на повисоки плати од оние што би ги добивале доколку служат во Ерменија и дека регрутите немале право на избор во однос на тоа каде би сакале да бидат распоредени, во Ерменија или во Нагорно-Карабах. Во поддршка на ова тврдење, тие упатиле, inter alia, на неколку судски и управни постапки што се воделе во Степанакерт против ерменски воен персонал и еден ерменски приговарач на совеста.
137. Покрај распоредувањето трупи во судирот, Ерменија, според жалителите, му обезбедувала материјална помош на Нагорно-Карабах. Наводно, земјата обезбедувала дури 90% од буџетот на енклавата во форма на бескаматни кредити. Овие кредити претставувале финансиска помош што придонела кон ефективната контрола на Ерменија врз Нагорно‑Карабах и околните територии. Што се однесува до Хајастанскиот сè‑ерменски фонд, жалителите тврделе дека тој не може да се смета за тело што е независно од ерменската Влада, со оглед на тоа што бил основан со претседателска уредба и што во неговиот статус ерменскиот претседател е назначен за претседател на Одборот на повереници, како и со оглед на тоа што тој одбор инаку вклучувал неколку претставници на највисоко ниво од Владата, парламентот, уставниот суд и централната банка на Ерменија. Покрај тоа, неговата мисија била да обезбедува поддршка за одржливиот развој како во Ерменија, така и во Нагорно-Карабах.
138. Дополнително, Република Ерменија обезбедила и продолжила да му обезбедува политичка поддршка на Нагорно-Карабах. Бројни истакнати личности во ерменската политика имале тесни врски и продолжиле да бидат вклучени во политичкиот живот во Нагорно-Карабах. На пример, во август 1993 година ерменската Влада го назначила г. Serzh Sargsyan, министерот за одбрана на Нагорно-Карабах, за министер за одбрана на Ерменија, а во 1998 година г. Robert Kocharyan станал претседател на Ерменија, откако претходно бил премиер и претседател на Нагорно-Карабах. Исто така, со оглед на тоа што „РНК“ останала непризнаена од страна на меѓународната заедница, таа се потпирала врз Ерменија за политичка поддршка и за својата способност да склучува односи со други држави.
139. Жалителите понатаму тврделе дека во Нагорно-Карабах се применувале голем број од законите на Ерменија и дека ерменскиот драм бил главната користена валута. Покрај тоа, на луѓето од Нагорно-Карабах им биле издавани ерменски пасоши за целите на патување во странство.
2. Тужената Држава
140. Ерменската Влада тврдела дека надлежноста на Република Ерменија не ја опфаќала територијата на Нагорно-Карабах и околните територии; наводно, Ерменија немала и ниту можела да има ефективна контрола или да врши какви било јавни овластувања во овие територии. Според мислењето на Владата, ефективната контрола повлекувала давање детални насоки или контрола врз конкретни операции на контролираниот субјект, со способност за нивно започнување и запирање, како и за утврдување на нивниот тек. Укажувајќи дека екстра‑територијалната надлежност била исклучок од начелото дека една држава има надлежност врз сопствената територија, Владата тврдела дека товарот на докажување на таквата контрола паѓал на жалителите, до висок стандард, и дека тие не можеле да се ослободат од одговорноста за товарот на докажување со оглед на тоа што доказите покажувале дека немало ерменско влијание, уште помалку контрола, врз „РНК“. Владата била на мислење дека предметот Al-Skeini (цитиран горе) не бил релевантен за овие околности бидејќи таа пресуда се потпирала врз “Овластувања и контрола на државни службеници“ што не е применливо за фактите во овој предмет. Понатаму, обичната улога на поддршка што ја играла Ерменија во однос на „РНК“ суштински се разликувала од бројот на турските војници што биле инволвирани во северен Кипар или од големината на рускиот воен арсенал што бил присутен во Приднестровие (како што е утврдено во предметите Loizidou и Ilaşcu and Others, цитирани горе) и, врз основа на која било разумна дефиниција, не претставувала ефективна контрола.
141. Владата тврдела дека Ерменија не учествувала во предметниот воен судир. Нападот врз Лачин на 17‑18 мај 1992 година - како и заземањето на Шуша/Шуши на 9 мај - биле извршени од страна на одбранбените сили на „РНК“, што до 90% биле составени од луѓе од Нагорно-Карабах. Воените акции всушност биле против интересите на Владата на Република Ерменија, што во тоа време водела преговори за постигнување спогодба за примирје со азербејџанските лидери; била одржана средба на 8-9 мај во Техеран. Сепак, освојувањето на овие два града се сметало за неопходно од страна на силите на „РНК“ за запирање на азербејџанските воени злосторства и отворање на хуманитарен коридор до Ерменија.
142. Владата понатаму тврдела дека Ерменија не учествувала ниту во какви било подоцнежни воени акции. Ова, наводно, го покажувал фактот што учеството на ерменската армија не било спомнато ниту еднаш во кој било меѓународен документ. Наместо тоа, во овие документи се зборувало за „локални ерменски сили“. Властите во Ерменија, исто така, не донеле какви било правни акти или програми и не презеле други службени чекори за вклучување во акциите. Наместо тоа, самоодбраната во целост ја вршеле одбранбените сили на „РНК“, што биле основани на почетокот на 1992 година по донесувањето на Законот за регрутација на „РНК“. Тие добивале помош од ерменското население во Нагорно-Карабах и околните територии, како и од доброволци со ерменско потекло од различни земји. Ерменија била вклучена во војната единствено во таа мера што се бранела од азербејџанските напади на територијата во рамките на признаените граници на Ерменија. Меѓутоа, бидејќи Ерменија и „РНК“ имале заеднички непријател, нивните вооружени сили соработувале на различни начини.
143. Ерменија тековно немала какво било воено присуство во Нагорно‑Карабах и околните територии. Никакви воени одреди, единици или органи не биле стационирани таму. Во реонот Лачин воопшто немало воени единици бидејќи Лачин се наоѓал на значителна раздалеченост од границата на „РНК“ со Азербејџан и, оттаму, немало воени потреби за распоредување единици таму. Не се исклучува можноста дека некои ерменски државјани служеле во одбранбените сили на „РНК“ врз договорна и доброволна основа. Исто така, во согласност со Договорот за воена соработка од 1994 година, потпишан од владите на Ерменија и „РНК“, регрутите од Ерменија, со нивна согласност, може да го отслужуваат својот воен рок во „РНК“ и обратно, како и да учествуваат во воени вежби организирани во „РНК“ или во Ерменија. Законските постапки во кои биле вклучени ерменските регрути што служеле во „РНК’ имале едноставно објаснување: во согласност со договорот од 1994 година, кривичните пријави против ерменските регрути биле обработувани од страна на ерменските обвинители и сите такви пријави против карабахските регрути биле обработувани од властите на „РНК“. Меѓутоа, само мал број ерменски регрути - доброволци служеле во Нагорно-Карабах каде, покрај тоа, тие биле под директна команда на одбранбените сили на „РНК“.
144. Владата понатаму тврдела дека „РНК“, од своето основање, независно ги спроведувала своите политички, социјални и финансиски политики. Ерменија не и дала каква било економска помош на „РНК“, освен што, во текот на неколку години, таа и обезбедила на „РНК“ долгорочни кредити за спроведување на посебни проекти, вклучувајќи ја реконструкцијата на училишта и други образовни установи и обезбедувањето финансиска помош за семејствата на загинатите војници. Таква помош била обезбедувана и од други земји. Покрај тоа, Хајастанскиот сè-ерменски фонд одиграл значајна улога во развојот на „РНК“. Неговата основна мисија била да обезбедува финансиска помош за Ерменија и за „РНК“, користејќи средства собрани од ерменската дијаспора. Иако имало претставници на Ерменија во Одборот на повереници, мнозинството членови на одборот биле од ерменската дијаспора и од „РНК“. Програмата за работа на фондот не била утврдувана од страна на ерменската Влада; често самите донатори одлучувале за кои проекти треба да бидат искористени нивните пари. Единствената владина помош за фондот се состоела од обезбедување канцелариски простор без плаќање на закупнина во владина зграда во Ереван. Оттаму, фондот не претставувал инструмент за контрола, туку бил неполитичка, добротворна организација што и обезбедила УСД 111.000.000 на „РНК“ за изградба на училишта и болници, реконструкција на патишта и села, помош за културни настани и субвенции за вработување и образование на сиромашните. Дополнителни средства биле обезбедени од други фондови и меѓународни организации. Добротворните прилози и меѓународните инвестиции во „РНК“ на годишно ниво изнесувале 20-30 и 30-40 милиони американски долари, соодветно.
145. Според мислењето на ерменската Влада, „РНК“ била суверена и независна држава што ги поседувала сите карактеристики на независна држава во согласност со меѓународното право. Таа вршела контрола и надлежност врз Нагорно-Карабах и териториите што го окружувале. Во тие територии се применувале единствено законите и останатите правни акти на „РНК“ и било нормално за „РНК“ да преземи или усвои дел од законите од Ерменија. „РНК“ имала сопствен судски систем што функционирал целосно независно. Во „РНК“ биле одржани политички избори и фактот што определени лица биле на високи политички функции и во „РНК“ и во Ерменија не претставувало ништо невообичаено на самите почетоци на независноста во двете земји. Политичката поддршка од Ерменија била ограничена на учеството во мировните преговори што се воделе во рамките на Групата Минск на ОБСЕ, со цел да се регулира судирот во Нагорно-Карабах. Пасошите на „РНК“ биле издавани на нејзините државјани, кои имале политички права и граѓански обврски врз основа на своето државјанство. Ерменски пасоши биле издавани единствено на определени жители на Нагорно-Карабах за да им се овозможи да патуваат во странство. Во „РНК“ се користеле неколку валути, не само ерменскиот драм.
146. Владата, исто така, тврдела дека единствените факти што се релевантни за разгледувањето на прашањето за надлежноста од страна на Судот биле фактите што датираат од мај 1992 година („прашањето за каузалната врска“) и по април 2002 година („прашањето за надлежноста“). Доказите по 2002 година покажувале дека Република Ерменија и „РНК“ биле пријателски земји, со многу заеднички интереси и со тесни економски и социјални врски, воено сојузништво и заедничка етничка припадност. Ерменија имала определено влијание во таа мера што повремено и давала финансиска и друга помош на „РНК“. Исто така, како добар сосед и сојузник, таа и помагала од својата страна во одржувањето на хуманитарниот коридор во реонот Лачин. Меѓутоа, Република Ерменија и „РНК“ биле различни земји.
3. Владата на Азербејџан, трета страна што и се приклучила на постапката
147. Владата на Азербејџан се согласила со жалителите дека Република Ерменија вршела ефективна контрола врз Нагорно-Карабах и околните територии, вклучувајќи го подрачјето на Лачин. Таа се повикала на изјави од различни меѓународни и невладини организации и од Министерството за надворешни работи на САД, како и на голем број политички лидери тврдејќи дека, на почетокот на 1990-тите години, ерменските сили, борејќи се заедно со сепаратистичките карабахски сили, ги окупирале Нагорно-Карабах, Лачин и околните територии и дека овие територии и понатаму се под окупација од Ерменија, што има стационирано војници таму. Во однос на последно наведеното, Владата на Азербејџан упатила на предметите пред Судот Harutyunyan v. Armenia (бр. 36549/03, ECHR 2007-III) и Zalyan, Sargsyan and Serobyan v. Armenia (цитирани горе). „РНК“ не била независна држава, како што тврди тужената држава, туку подредена локална управа што преживува благодарејќи на воената и другата помош што ја добива од Ерменија. Наводно, не било замисливо дека одбранбените сили на „РНК“ би постоеле во каква било препознатлива форма без обемната поддршка од Ерменија, на пример, во оружје, опрема, обука и, пред сè, постојаното обезбедување високо значаен процент – ако не и реално мнозинство - од војниците што се стационирани во окупираните територии.
148. Владата на Азербејџан тврдела, исто така, дека „РНК“ не можела да опстои – политички, економски или воено - без значителната поддршка што ја обезбедува Ерменија. Таа упатила, inter alia, на тесните политички врски меѓу Нагорно-Карабах и Република Ерменија што, покрај тоа, имале и силни лични елементи на највисокото ниво. Понатаму, економската помош што ја обезбедувала Ерменија била од суштинско значење за „РНК“. Владата упатила на Хајастанскиот сè-ерменски фонд, што наводно требало да се смета за орган на ерменската држава во однос на помошта што му се дава на Нагорно-Карабах. Фондот имал значајно влијание во „РНК“, не само од финансиска, туку и од социјална гледна точка. Наводно, тој бил воден од политичката волја, засилувајќи ја економската зависност на Нагорно-Карабах од Ерменија и дополнително интегрирајќи ја „РНК“ во Ерменија. Таа упатила, исто така, на ерменските државни заеми, што сочинувале значаен дел од буџетот на „РНК“. Покрај тоа, Владата на Азербејџан тврдела дека лица што живеат во Нагорно-Карабах и околните територии биле носители на пасоши на Република Ерменија.
Б. Процената на Судот
149. Иако државната правосудна надлежност е првенствено територијална, поимот за надлежност во смисла на член 1 на Конвенцијата не е ограничен на националната територија на Високите договорни страни и одговорноста на државата може да биде инволвирана поради постапки или пропусти на нејзините власти што произведуваат дејство надвор од нејзината територија.
Член 1 на Конвенцијата гласи како што следува:
„Високите договорни страни им ги признаваат на сите лица под нивна надлежност правата и слободите што се утврдени во делот I на Конвенцијата.“
1.Општи начела за екстра-територијална надлежност
150. Судот го признава вршењето на екстра-територијална надлежност на некоја договорна земја кога оваа држава, преку ефективна контрола врз релевантната територија и нејзините жители во странство, како последица на воена окупација или преку согласност, покана или помирување на Владата на таа територија, ги врши сите или дел од јавните овластувања што вообичаено се вршат од таа Влада. Начелата се утврдени во неколку предмети, вклучително во Ilaşcu and Others (цитиран горе, §§ 311-319), Al-Skeini and Others (цитиран горе, §§ 130-139) и Catan and Others v. Moldova and Russia ([GC], бр. 43370/04, 8252/05 и 18454/06, ECHR 2012 (извадоци)). Релевантните пасуси од последно наведената пресуда се цитирани овде:
„103. Судот има воспоставено повеќе јасни начела во својата судска практика врз основа на член 1. Оттаму, како што е предвидено во тој член, обврската што е преземена од една договорна земја е ограничена на „признавање“ (“reconnaître” во текстот на француски јазик) на наведените права и слободи на лицата во нејзината „надлежност“ (видете Soering v. the United Kingdom, 7 јули 1989, § 86, Серија A бр. 161; Banković and Others v. Belgium and Others [GC] (dec.), бр. 52207/99, § 66, ECHR 2001-XII). „Надлежноста“ во согласност со член 1 е критериум на праг. Вршењето на надлежноста е неопходен услов за една договорна земја да може да се смета за одговорна за постапки или пропусти што ѝ се припишуваат и што доведуваат до навод за повреда на правата и слободите што се наведени во Конвенцијата (видете Ilaşcu and Others v. Moldova and Russia [GC], бр. 48787/99, § 311, ECHR 2004-VII; Al-Skeini and Others v. the United Kingdom [GC], бр. 55721/07, § 130, 7 јули 2011).
104. Надлежноста на една држава во согласност со член 1 е пред сѐ територијална (видете Soering, цитиран горе, § 86; Banković, цитиран горе, §§ 61 [и] 67; Ilaşcu, цитиран горе, § 312; Al-Skeini, цитиран горе § 131). Вообичаено, се претпоставува дека надлежноста се врши врз целата територија на државата (Ilaşcu, цитиран горе, § 312; Assanidze v. Georgia [GC], бр. 71503/01, § 139, ECHR 2004-II). Наспроти тоа, постапките на договорните земји што се преземени, или што имаат последици, надвор од нивната територија може да претставуваат вршење надлежност во смисла на член 1 само во исклучителни случаи (Banković, цитиран горе, § 67; Al-Skeini, цитиран горе § 131).
105. До денес, Судот има потврдено повеќе исклучителни околности што може да доведат до вршење на надлежност од страна на договорна земја надвор од нејзините територијални граници. Во секој случај, прашањето дали постојат исклучителни околности кои наложуваат и оправдуваат заклучок на Судот дека државата вршела надлежност надвор од својата територија мора да биде утврдено со упатување на конкретните факти (Al-Skeini, цитиран горе, § 132).
106. Еден исклучок од начелото дека надлежноста во согласност со член 1 е ограничена на територијата на самата држава настанува кога, како последица на законита или незаконита воена акција, договорната земја врши ефективна контрола врз област надвор од нејзината национална територија. Обврската за признавање, во таква област, на правата и слободите што се утврдени во Конвенцијата произлегува од фактот на таквата контрола, без оглед на тоа дали се врши директно, преку сопствените вооружени сили на договорната земја, или преку подредената локална управа (Loizidou v. Turkey (прелиминарни приговори), 23 март 1995, § 62, Серија A бр. 310; Cyprus v. Turkey [GC], бр. 25781/94, § 76, ECHR 2001-IV, Banković, цитиран горе, § 70; Ilaşcu, цитиран горе, §§ 314-316; Loizidou (основаност), цитиран горе, § 52; Al-Skeini, цитиран горе, § 138). Кога е утврден фактот на таквата доминација врз територијата, не е потребно да се утврди дали договорната земја врши детална контрола врз политиките и постапките на подредената локална управа. Фактот што локалната управа опстојува како последица на воената и другата поддршка од договорната земја ја повлекува одговорноста на таа држава за своите политики и постапки. Државата што врши контрола има одговорност во согласност со член 1 да ја обезбеди, во рамките на областа под нејзина контрола, целата низа материјални права што се утврдени во Конвенцијата и во оние дополнителни протоколи што таа ги ратификувала. Таа ќе биде одговорна за секоја повреда на тие права (Cyprus v. Turkey, цитиран горе, §§ 76-77; Al-Skeini, цитиран горе, § 138).
107. Дали некоја договорна земја врши ефективна контрола врз некоја област што е надвор од нејзината територија е фактичко прашање. При утврдувањето дали постои ефективна контрола, Судот пред сè зема предвид колку е силно военото присуство на државата во таа област (видете Loizidou (основаност), цитиран горе, §§ 16 и 56; Ilaşcu, цитиран горе, § 387). Може да бидат релевантни и други показатели, како што е прашањето до кој степен нејзината воена, економска и политичка поддршка за локалната подредена управа ѝ обезбедува влијателност и контрола врз регионот (видете Ilaşcu, цитиран горе, §§ 388‑394; Al‑Skeini, цитиран горе, § 139).
...
115.... Како што покажува резимето на судската практика на Судот што е утврдено горе, тестот за утврдување на постоењето на „надлежност“ во смисла на член 1 на Конвенцијата никогаш не бил изедначен со тестот за утврдување на одговорноста на некоја држава за меѓународна незаконита постапка во согласност со меѓународното право.“
2. Примената на овие начела врз фактите на предметот
151. Судот, како прво, смета дека ситуацијата што се однесува на Нагорно‑Карабах и околните територии не е ситуација во која што ерменски државни службеници вршат овластувања и контрола врз поединци во странство, како што алтернативно тврдат жалителите. Наместо тоа, прашањето што треба да се утврди врз фактите на предметот е дали Република Ерменија вршела и продолжува да врши ефективна контрола врз спомнатите територии и, како последица од тоа, дали може да се смета за одговорна за наводните повреди. Како што беше укажано од Судот во предметот Catan and Others (цитиран горе, § 107), оваа процена пред сè ќе зависи од военото присуство, но и други показатели, како што се економската и политичката поддршка, може да бидат од значење.
152. Иако жалителите порано живееле во реонот Лачин, прашањето за надлежноста не се однесува единствено на оваа област. Всушност, Лачин е еден од деловите на спомнатите територии што се наоѓа најдалеку од линијата на контакт со Азербејџан. Округот се граничи со Нагорно-Карабах на исток, со реоните Келбаџар, Губадли и Џабрајил на север и југ, и со Ерменија на запад. Оттаму, за да се утврди дали Ерменија има надлежност во овој предмет, потребно е да се процени дали таа врши ефективна контрола врз Нагорно-Карабах и околните територии како целина.
153. Покрај тоа, иако одговорноста за наводната повреда не може да ѝ се припише на Ерменија врз основа на настани што се случиле пред 26 април 2002 година, датумот на нејзиното ратификување на Конвенцијата, фактите што се однесуваат на настани што се случиле пред тоа може сепак да се земат предвид како индикативни за постојаната ситуација што сè уште опстојува под тој датум.
(а) Воено учество
154. Судирот во Нагорно-Карабах прераснал во вистинска војна во 1992 година, но започнал неколку години порано, со повици за инкорпорирање на Нагорно-Карабах во Ерменија што доаѓале од двата ентитета. Значајно е тоа што, во декември 1989 година, Врховниот совет на ССР Ерменија и регионалниот совет на Нагорно-Карабах донеле заедничка резолуција за „повторно обединување“ на двата ентитета, а во јануари 1990 година бил утврден заеднички буџет. Јасно е дека, од почетокот на судирот, ССР Ерменија и Република Ерменија давале силна поддршка на барањата за инкорпорирање на Нагорно-Карабах во Ерменија, или, алтернативно, за неговата независност од Азербејџан.
155. Материјалот што му е достапен на Судот не обезбедува - и не може да се очекува дека ќе обезбеди - решавачки докази во однос на составот на воените сили што го окупирале и обезбедиле контрола врз Нагорно-Карабах и седумте околни реони во периодот од избивањето на војната на почетокот на 1992 година и примирјето во мај 1994 година. На пример, Резолуциите не Советот за безбедност на ОН што биле донесени во 1993 година, иако изразуваат сериозна загриженост за тензиите меѓу Ерменија и Азербејџан, упатуваат на инвазија и окупација од страна на „локални ерменски сили“ и бараат од Ерменија да го изврши своето влијание врз „Ерменците од регионот Нагорно-Карабах“ (видете став 59 горе). Меѓутоа, извештајот на „Хјуман Рајтс Воч“ (став 60) ја потврдува вклученоста на вооружените сили на Република Ерменија во овој временски период. Исто така, ерменскиот министер за одбрана во периодот од 1992 до 1993 година, г. Vazgen Manukyan, ја потврдил ваквата состојба (став 62).
156. Покрај тоа, според мислењето на Судот, тешко може да се замисли дека Нагорно-Карабах - ентитет со население од помалку од 150,000 етнички Ерменци - било способно, без значителна воена поддршка од Ерменија, да формира одбранбени сили на почетокот на 1992 година што, против Азербејџан со приближно седум милиони жители, не само што воспоставиле контрола врз поранешната НКАО, туку и, пред крајот на 1993 година, освоиле, во целост или поголеми делови, седум околни азербејџански реони.
157. Во секој случај, военото учество на Ерменија во Нагорно‑Карабах било, од неколку аспекти, формализирано во јуни 1994 година преку „Договорот за воена соработка меѓу владите на Република Ерменија и Република Нагорно-Карабах“ (видете став 74 горе). Покрај утврдувањето повеќе воени прашања на кои што двата ентитета ќе работат заедно, договорот конкретно предвидува дека регрутите од Ерменија и од „РНК“ може да го отслужуваат својот воен рок во другиот ентитет.
158. Подоцнежните извештаи и изјави го потврдуваат учеството на силите на Ерменија во судирот. На пример, иако не довеле до каква било спогодба меѓу страните, „пакетот мерки“ и пристапот „во чекори“ што биле осмислени во рамките на Групата Минск на ОБСЕ во 1997 година наведувале дека вооружените сили на Ерменија треба да се повлечат во рамките на границите на Република Ерменија (видете став 61 горе). Слични барања направиле Генералното собрание на ОН во март 2008 година (став 67) и Европскиот парламент во април 2012 година (став 70). Во јануари 2005 година Парламентарното собрание на Советот на Европа, укажувајќи на окупацијата од страна на ерменски сили на „значителни делови од територијата на Азербејџан“, потврди дека независноста и отцепувањето на регионална територија не може да се постигне како последица на „де факто присоединување на таа територија кон друга држава“ (став 64). Извештајот на ICG од септември 2005 година заклучува, врз основа на изјави од ерменски војници и функционери, дека „постои висок степен на интеграција меѓу силите на Ерменија и на Нагорно-Карабах“ (став 65). Индикации за служењето на ерменските војници во „РНК“ може да се најдат и во предмети пред овој Суд и на други места (ставови 76 и 77).
177. Како што наведе Судот во предметот El-Masri v. the Former Yugoslav Republic of Macedonia ([GC], бр. 39630/09, § 163, ECHR 2012), тој, начелно, се однесува претпазливо со изјавите дадени од владини министри или други високи функционери, бидејќи тие вообичаено се во прилог на владата што ја претставуваат или ја претставувале. Меѓутоа, изјавите од високи функционери, дури и поранешни министри и функционери, кои што имале клучна улога во предметниот спор, имаат особена доказна вредност кога потврдуваат факти или однесување што ги прикажуваат властите во неповолно светло. Тогаш тие може да се толкуваат како еден вид на признание (видете ја, во овој контекст, mutatis mutandis, пресудата на Меѓународниот суд на правдата во предметот Military and Paramilitary Activities in and against Nicaragua (Nicaragua v. United States of America), Основаност, Пресуда, ICJ Reports 1986, стр. 14, § 64).
159. Според тоа, впечатливо е да се забележат изјавите на претставниците од Република Ерменија што се чини дека се спротивни на службениот став дека вооружените сили на Ерменија не биле распоредени во „РНК“ или во околните територии. Изјавата на г. Manukyan, поранешен министер за одбрана, веќе беше спомната (видете став 62 горе). Од уште поголемо значење е говорот на титуларниот претседател на Ерменија, г. Serzh Sargsyan, пред водечките личности од министерството за одбрана во јануари 2013 година, во кој што тој изјавил дека целта на ерменската надворешна политика била да се постигне правно признавање на победата остварена од „нашата армија“ во војната во Нагорно-Карабах (став 72). Треба да се забележи и дека ерменската Влада во овој предмет потврди, со упатување до договорот за воена соработка од 1994 година, дека ерменската армија и одбранбените сили на „РНК“ соработуваат во одбранбен сојуз.
160. Иако г. Jirayr Sefilyan не можел да се смета за службен претставник на Република Ерменија, како истакната политичка личност и поранешен воен командант кој служел за време на војната, Судот ја зема предвид неговата изјава во интервјуто од октомври 2008 година: „Целиот свет знае дека армијата на РНК е дел од вооружените сили на Ерменија“ (став 68).
Наспроти тоа, Судот забележува дека мислењето на Д-р Bucur-Marcu (став 73) било нарачано од страна на тужената држава и оттаму мора да се разгледува со претпазливост во дадените околности.
161. Бројот на ерменските војници што се на служба во „РНК“ е спорен; тужената држава изјави дека се работи за помалку од 1,500 лица, додека жалителите се повикуваат на бројките што ги дале IISS и ICG во периодот од 2002 до 2005 година, што покажуваат дека во Нагорно-Карабах се распоредени 8,000 или 10,000 ерменски војници (видете ставови 63 и 65 горе). Судот не треба да го решава ова прашање бидејќи, врз основа на бројните извештаи и изјави што се наведени горе, тој смета дека е утврдено дека Република Ерменија, преку своето воено присуство и обезбедувањето воена опрема и експертиза, била значајно вклучена во судирот во Нагорно-Карабах уште во раните фази. Оваа воена поддршка била - и понатаму е - решавачка за освојувањето и континуираната контрола врз предметните територии, а доказите, во најмал степен договорот за воена соработка од 1994 година, уверливо покажуваат дека вооружените сили на Ерменија и на „РНК“ се интегрирани до висок степен.
(б) Друга поддршка
162. Интегрирањето на двата ентитета понатаму се покажува од бројот на политичарите што преземале највисоки функции во Ерменија откако претходно биле на слични позиции во „РНК“ (видете став 78 горе). Општата политичка поддршка што Ерменија и ја давала на „РНК“ исто така може да се види од горенаведените изјави во врска со военото учество на Ерменија.
163. Владата на Ерменија тврдела дека „РНК“ има сопствено законодавство и сопствени независни политички и правосудни тела. Меѓутоа, нејзината политичка зависност од Ерменија може да се види не само од спомнатата размена на истакнати политичари, туку и од фактот што нејзините жители добиваат ерменски пасоши за патување во странство со оглед на тоа што „РНК“ не е признаена од ниедна држава или меѓународна организација (видете став 83 горе). Во однос на законодавството и правосудството, постојат дополнителни докази за интегрирањето. Ерменската Влада потврди дека неколку закони на „РНК“ биле преземени од ерменското законодавство. Уште поважно, фактите на предметите на Судот Zalyan, Sargsyan and Serobyan v. Armenia (став 76) покажуваат не само присуство на ерменски трупи во Нагорно-Карабах, туку и работење на ерменските службеници за спроведување на законот и вршење на надлежност од страна на ерменските судови во таа територија. Предметот на г. Grigoryan (став 77) дава слични индикации.
164. Конечно, финансиската поддршка што „РНК“ ја добива од или преку Ерменија е значителна. ICG известил дека, во буџетот на „РНК“ за 2005 година, само 26,7 проценти од расходите биле покриени со локално собрани приходи. Ерменски „меѓудржавен заем“ и обезбедил на „РНК“ значителни парични износи во периодот од 2004 до 2005 година во вкупен износ од УСД 51.000.000. Според ICG, повикувајќи се на официјални извори, заемот учествувал со 67,3% во буџетот на „РНК“ за 2001 година и со 56,9% во буџетот за 2004 година. Иако заемот бил воспоставен од 1993 година, заклучно со 2005 година не бил отплатен никаков дел од овој заем (видете ставови 80 и 81 горе).
165. Дополнителна помош се обезбедува од страна на Хајастанскиот сè-ерменски фонд што, според ерменската Влада, обезбедил околу УСД 111,000,000 за проекти во „РНК“ во периодот од 1995 до 2012 година. Иако фондот не претставува владина институција и неговите средства доаѓаат од индивидуални донации, треба да се забележи дека тој бил основан со претседателска уредба. Покрај тоа, претседателот на Ерменија по службена должност е претседател на Одборот на повереници, а во составот на одборот се вклучени неколку сегашни и поранешни претседатели и министри на Ерменија и „РНК“, како и други истакнати функционери од Ерменија. Иако овие членови не претставуваат мнозинство, од составот на одборот е јасно дека официјалните претставници на Ерменија – заедно со своите еквиваленти од „РНК“- се во позиција да влијаат во голема мера врз активностите на фондот.
166. Точно е дека значителна финансиска помош за „РНК“ доаѓа и од други извори, вклучително од Владата на САД и директни прилози од ерменската дијаспора. Меѓутоа, горенаведените износи покажуваат дека „РНК“ не би можела да опстои економски без значајната поддршка што произлегува од Ерменија.
(в) Заклучок
167. Сè од горенаведеното открива дека Република Ерменија, од почетните денови на судирот во Нагорно-Карабах, има значајно и решавачко влијание врз „РНК“, дека двата ентитети се интегрирани во висок степен во речиси сите важни работи и дека оваа ситуација опстојува до денешен ден. Со други зборови, „РНК“ и нејзината администрација преживуваат преку воената, политичката, финансиската и другата поддршка што ја добиваат од Ерменија, што, како последица на тоа, врши ефективна контрола врз Нагорно‑Карабах и околните територии, вклучувајќи го реонот Лачин. Оттаму, прашањата што се предмет на жалба се во надлежноста на Ерменија за целите на член 1 на Конвенцијата.
168. Приговорот на Владата во врска со надлежноста на Република Ерменија врз Нагорно-Карабах и околните територии, според тоа, се отфрла.
V. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 1 НА ПРОТОКОЛ БР. 1 НА КОНВЕНЦИЈАТА
169. Жалителите вложиле жалба дека губењето на целосната контрола врз, како и на сите можности за користење, продажба, заветување, ставање под хипотека, изградба и уживање на нивните имоти претставувало континуирана повреда на член 1 на Протокол бр. 1, што гласи како што следува:
„Секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својата сопственост. Никој не може да биде лишен од својата сопственост, освен во јавен интерес и под услови предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право.
Претходните одредби не навлегуваат во правото на државите да донесуваат закони што ги сметаат за неопходни за регулирање на користењето на сопственоста во согласност со општиот интерес или за обезбедување на плаќањето на даноците, другите придонеси или парични казни.“
A. Поднесоци на страните
1. Жалителите
170. Жалителите тврделе дека нивните права во согласност со член 1 на Протокол бр. 1 биле повредени како директна последица на вршењето на државната власт од страна на Република Ерменија. Тие стравувале дека нивниот имот бил уништен или ограбен набргу по времето кога тие биле присилени да побегнат од реонот Лачин. Меѓутоа, нивната жалба се однесувала на вмешување во целиот нивен имот, вклучувајќи го земјиштето, што останал во Лачин и што тие сè уште го поседувале или имале права да го користат. Жалителите тврделе дека постојано не им бил дозволуван пристап до нивните имоти и дека тоа претставувало вмешување што во никој случај не е во согласност со законот. Покрај тоа, без оглед на целите на окупацијата на Лачин, целосното исклучување на жалителите од нивниот имот и можното уништување на таквиот имот без плаќање на обесштетување не можеле да се сметаат за сразмерни за постигнувањето на тие цели. Жалителите не гледале какви било изгледи дека ќе им биде дозволено да се вратат на своите имоти или на кое било друго место во окупираните територии во догледно време.
2. Тужената Држава
171. Ерменската Влада тврдела дека жалителите не биле спречени да влезат во градот Лачин или во околните села; всушност, тие никогаш не пробале да влезат во овие територии по нивното наводно бегство и не поднеле барање до властите во Ерменија или во „РНК“ за заштита или враќање на какви било нивни права. Како што веќе беше спомнато во однос на прашањето за исцрпувањето на домашните правни средства, позицијата на Ерменија во преговорите во рамките на Групата Минск на ОБСЕ – дека враќањето на раселените лица може да се земе предвид единствено откако ќе се договори конечно решение за статусот на „РНК“ - упатувала на раселените лица како група и не се однесувала на поединци кои можеле да добијат визи за влез доколку имале легитимни причини за влез во „РНК“ или во Ерменија. Патувањето во „РНК“ не вклучувало каква било опасност, бидејќи единствената отворена точка за влез – патот од Ереван до Степанакерт - се наоѓала далеку од линијата на контакт. Владата понатаму тврдела дека освојувањето на Лачин - како и на Шуши/Шуша - претставувало законито дејство на самоодбрана против воените злосторства извршени од страна на Азербејџан, особено воените напади врз Степанакерт. Било неопходно да се создаде „хуманитарен коридор“ до Ерменија бидејќи голем број луѓе во Нагорно-Карабах биле убиени или биле во опасност да умрат од глад. Повторувајќи дека Република Ерменија не поднесувала никаква одговорност за дејствата од наводите на жалителите, Владата тврдела дека немало повреда на член 1 на Протокол бр. 1.
3. Владата на Азербејџан, трета страна што и се приклучила на постапката
172. Владата на Азербејџан тврдела дека жалителите не биле протерани од предметните окупирани територии со каков било правен акт, туку биле присилени да побегнат поради активностите на ерменските воени сили. Тие сè уште биле спречени да влезат во териториите и да уживаат во својата сопственост поради распоредувањето на ерменските трупи и минските полиња на линијата на контакт, додека истовремено на Ерменците им биле нудени стимулации за населување на териториите. Ваквата состојба дополнително се потврдувала од позицијата на Ерменија во врска со враќањето во преговорите во рамките на Групата Минск на ОБСЕ. Наводно, степенот и интензитетот на ерменската издршка за подредената локална управа не се намалувале туку, напротив, се зголемувале од година во година. Владата на Азербејџан, според тоа, тврдела дека Република Ерменија била одговорна за континуираната повреда на правата на жалителите во согласност со член 1 на Протокол бр. 1.
Б. Процената на Судот
173. Судот прво упатува на својот заклучок горе (видете став 149) дека, иако не е сигурно дали куќите на жалителите сè уште постојат, тие сите имаат постоечки права врз своите земјишни парцели што претставуваат „сопственост“ во смисла на член 1 на Протокол бр. 1.Со оглед на тоа предметите на жалбите се во надлежноста на Република Ерменија (видете став 186), прашањето што треба да се испита е дали Ерменија е одговорна за повредата на правата на жалителите врз нивната сопственост.
174. Меѓутоа, задачата на Судот не е да го испитува овој настан како таков, туку да утврди дали на жалителите им бил одбиен пристап до нивните имоти по 1992 април 26 година, датумот на кој што Ерменија ја ратификувала Конвенцијата, како и дали тие поради тоа биле предмет на континуирана повреда на нивните права. Претходните настани сепак би можеле да бидат индикативни за таквата континуирана состојба.
175. Како што беше спомнато горе (видете ставови 119-121), не се идентификувани какви било ефективни домашни правни средства, било во Република Ерменија или во „РНК“. Според тоа, жалителите немале пристап до какви било законски средства со кои што тие можеле да добијат обесштетување за загубениот имот или – што е поважно во овој контекст - со кои што можеле да добијат физички пристап до местата каде што порано живееле и, оттаму, до имотот и домовите што ги оставиле зад себе. Продолженото одбивање на пристап дополнително се покажува од тврдењето на тужената Држава, иако недокажано, дека имотот на жалителите – и, веројатно, имотите што им припаѓаат на другите раселени лица - биле распределени од страна на управата на „РНК“ на други лица што биле внесени во катастарската евиденција.
176. Покрај тоа, дваесет години по договорот за примирје, луѓето што биле раселени во текот на судирот не можеле да се вратат во Нагорно‑Карабах и околните територии. Судот укажува, во оваа смисла, на резолуциите што биле донесени од страна на Генералното собрание на ОН и Европскиот парламент (видете ставови 67 и 69 горе). Според мислењето на Судот, во практиката не е реалистично, уште помалку можно, за Азербејџанците да се вратат во овие територии во околностите што преовладувале низ целиот тек на овој период и што вклучуваат континуирано присуство на ерменски трупи и трупи што се поддржани од Ерменија, кршења на примирјето на линијата на контакт, општи непријателски односи меѓу Ерменија и Азербејџан и сè уште непостоечки изгледи за наоѓање политичко решение.
196. Како последица на тоа, имало вмешување во правата на жалителите врз основа на член 1 на Протокол бр. 1 во тоа што континуирано биле лишени од пристап до својата сопственост и со тоа ја загубиле контролата врз неа, како и секоја можност да ја користат и уживаат (видете Loizidou v. Turkey, цитиран горе, § 63). Ова претставува вмешување во мирното уживање на нивната сопственост.
177. Владата на Ерменија тврдела дека заземањето на Лачин и создавањето на врска со земјен пат меѓу Ерменија и Нагорно-Карабах вклучувало законито дејство на самоодбрана. Судот ги зема предвид тврдењата дека реонот Лачин бил реон со воено стратешко значење и дека постоела потреба за испорака на храна, лекови и други материјали во Нагорно-Карабах. Меѓутоа, без оглед на тоа дали овие околности може да претставуваат оправдување за вмешувањето во личните права на жителите во таа област, заземањето на Лачин во мај 1992 година немало директно влијание врз прашањето што се испитува, т.е. дали неможноста на жалителите да се вратат и последователното континуирано одбивање на пристапот до нивната сопственост би можело да се смета за оправдано.
178. Судот, исто така, не наоѓа дека тековните преговори во рамките на Групата Минск на ОБСЕ во врска со прашањата што се однесуваат на раселените лица даваат законско оправдување за вмешувањето во правата на жалителите. Овие преговори не ја ослободуваат Владата од преземањето други мерки, особено со оглед на фактот што преговорите остануваат без решение толку долго време (видете, mutatis mutandis, Loizidou, цитиран горе, § 64; Cyprus v. Turkey, цитиран горе, § 188). Во врска со тоа, Судот упатува на Резолуцијата 1708 (2010) за „Решавање на имотните прашања на бегалците и раселените лица“ на Парламентарното собрание на Советот на Европа што, потпирајќи се на релевантните меѓународни стандарди, ги повикува земјите-членки да „гарантираат навремена и ефективна правна заштита за губењето на пристапот и правото на станбен, земјиштен и друг имот напуштен од страна на бегалците и внатрешно раселените лица без оглед на можните преговори за решавање на вооружените судири или за статусот на определена територија“ (видете став 100 горе).
179. Насоките за тоа какви мерки можела и требало да преземе тужената Држава за да ги заштити имотните права на жалителите може да се извлечат од релевантните меѓународни стандарди, особено од Пинхеиро принципите на ОН (видете став 98 горе) и горенаведената Резолуција на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Во тековната фаза, и во очекување на сеопфатна мировна спогодба, се чини дека е особено важно да се утврди механизам за имотни барања што треба да биде лесно достапен и да предвидува постапки што користат флексибилни стандарди за обезбедување докази, што ќе им овозможи на жалителите и на другите лица во нивната ситуација да ги вратат своите права на сопственост и да добијат обесштетување за губењето на правото на нивното уживање.
180. Судот е целосно свесен дека тужената Држава морала да им обезбеди помош на стотици илјади ерменски бегалци и внатрешно раселени лица. Меѓутоа, иако потребата за згрижување толкава група луѓе бара значителни ресурси, заштитата на оваа група не ја ослободува Владата од нејзините обврски кон другата група, имено азербејџанските државјани како што се жалителите, кои морале да побегнат во текот на судирот. Во врска со ова, се упатува на принципот за недискриминација што е утврден во член 4 на горенаведените Пинхеиро принципи. Конечно, Судот забележува дека предметната состојба повеќе не е вонредна состојба, но продолжила да опстојува во многу долг временски период.
181. Како заклучок, што се однесува до разгледуваниот период, т.е., по 26 април 2002 година, не е наведена никаква цел што може да го оправда одбивањето на пристапот на жалителите кон нивната сопственост и непостоењето на обесштетување за ова вмешување. Според тоа, Судот заклучува дека имало и понатаму има повреда на правата на жалителите врз основа на член 1 на Протокол бр. 1 за која што е одговорна Република Ерменија.
VI. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 8 НА КОНВЕНЦИЈАТА
182. Жалителите тврделе дека нивната неможност да се вратат во реонот Лачин вклучувала и континуирана повреда на нивното право на почитување на домот и на приватниот и семејниот живот. Тие се повикале на член 8, што гласи како што следува:
„1.Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2. Јавните власти не смеат да се мешаат во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и е неопходно во едно демократско општество во интересите на државната и јавната безбедност или економската благосостојба на земјата, заштитата на јавниот ред и спречување на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите.“
A. Поднесоци на страните
1. Жалителите
183. Основата за жалбата на жалителите била во голема мера иста како за жалбата поднесена врз основа на член 1 на Протокол бр. 1: тие тврделе дека продолженото одбивање на тужената држава да им дозволи да се вратат во реонот Лачин ги повредило и нивните права врз основа на член 8. Во врска со ова тие упатиле на предметот Cyprus v. Turkey (цитиран горе). Правејќи разлика меѓу својот предмет и ситуацијата во предметот Loizidou v. Turkey (цитиран горе), жалителите истакнале дека, за разлика од г-ѓа Loizidou, тие живееле долги години во областа на Лачин и основале домови и приватен и семеен живот таму. Наводно не постоело оправдување во согласност со член 8 § 2 за мешањето во нивните права.
2. Тужената Држава
184. Поднесокот на Владата на Ерменија, исто така, суштински ги пресликува нивните аргументи во врска со член 1 на Протокол бр. 1.Покрај тоа, тие тврделе дека, бидејќи куќите и останатиот имот што наводно бил во сопственост на жалителите биле уништени во 1992 година, жалителите не можеле да тврдат дека имале каков било приватен или семеен живот или дом во предметната област по тој датум. Во поддршка на ова тврдење, Владата ја поистоветила ситуацијата на жалителите со предметот Loizidou v. Turkey (цитиран горе) и упатила на заклучокот на Судот (во § 66 на пресудата): „Значењето на поимот „дом“ во член 8 не би можело да се прошири а таков начин што ќе се опфати и имотот на кој што е планирано да се изгради индивидуален станбен објект. Исто така, тој поим не може да се толкува така што ќе ја опфати и областа на некоја држава каде некое лице го поминало детството и од каде што потекнува неговото семејство, но каде што тоа лице повеќе не живее.“ Во секој случај, според тврдењето на Владата, наводното мешање било во согласност со законот и било неопходно во едно демократско општество: преку обезбедување „хуманитарен коридор“ што ја поврзува „РНК“ со надворешниот свет, контролата врз реонот Лачин била во интересот на државната и јавната безбедност и економската благосостојба на земјата.
3.Владата на Азербејџан, трета страна што и се приклучила на постапката
185. Владата на Азербејџан го поддржала ставот на жалителите.
Б. Процената на Судот
186. Поимите за „приватен живот“, „семеен живот“ и „дом“ во согласност со член 8, исто како поимот „сопственост“ од член 1 на Протокол бр. 1, се поими со самостојно значење; нивната заштита не зависи од класификацијата во домашното право, туку од фактичките околности на предметот. Како што беше наведено горе (ставови 137 и 150) сите жалители се родени во реонот Лачин. Сè до нивното бегство во мај 1992 година тие живееле и работеле таму во најголемиот дел од своите животи. Речиси сите од нив склучиле бракови и имале деца во реонот. Покрај тоа, тие заработувале за живот тамо и нивните предци живееле таму. Исто така, тие изградиле и поседувале куќи во кои што живееле. Оттаму, јасно е дека жалителите имале долготрајни животи и домови во реонот, и дека нивната ситуација се разликува од ситуацијата на г-ѓа Loizidou во предметот Loizidou v. Turkey (цитиран горе). Жалителите не земале доброволно жителство на кое било друго место, туку живееле како внатрешно раселени лица во Баку и на други места од нужност. Во околностите на предметот, нивното присилно раселување и недоброволното отсуство од реонот Лачин не може да се смета дека ја прекинале нивната врска со реонот, без оглед на времето што поминало од нивното бегство.
187. Од истите причини како оние што се претставени за член 1 на Протокол бр. 1, Судот заклучува дека одбивањето на пристапот до домовите на жалителите претставува неоправдано мешање во нивното право на почитување на нивниот приватен и семеен живот, како и на нивните домови.
188. Според тоа, Судот заклучува дека имало и понатаму има повреда на правата на жалителите врз основа на член 8 на Конвенцијата и дека Република Ерменија е одговорна за оваа повреда.
VII. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 13 НА КОНВЕНЦИЈАТА
189. Жалителите тврделе дека не им биле достапни никакви ефективни правни лекови во однос на нивните жалби. Тие се повикале на член 13, што гласи како што следува:
„Секој човек, чиишто права или слободи што се утврдени со оваа Конвенција се нарушени има право на ефективен правен лек пред националните власти, без оглед на тоа дали повредата на правата и слободите ја сториле лица при вршење на службена должност.“
A. Поднесоци на страните
1. Жалителите
190. Жалителите тврделе дека не им бил понуден никаков правен лек на лицата што биле раселени од окупираните територии. Тие тврделе дека, бидејќи не се етнички Ерменци, би било сосема бесцелно за нив да бараат правна заштита од властите на Република Ерменија и „РНК“. Според нивното мислење, не постоел никаков правен лек што бил достапен, теоретски и во практиката, за нивните жалби. Непостоењето на домашни правни средства станало уште поочигледно кога се земал предвид фактот што прашањето околу правото на враќање на внатрешно раселените лица претставувало едно од најголемите несогласувања меѓу страните во тековниот мировен процес и, според тоа, останало нерешено.
2. Тужената Држава
191. Ерменската Влада тврдела дека жалителите имале ефективни управни и правосудни правни лекови на располагање, како во Република Ерменија така и во „РНК“, што не правеле разлика меѓу раселени лица и луѓе со некој друг статус. Во однос на правните лекови во „РНК“, Владата упатила на заклучоците на Судот во предметот Cyprus v. Turkey (цитиран горе, § 98) и тврдела дека правните лекови на еден меѓународно непризнаен ентитет би требало да се исцрпат освен ако не може да се докаже нивното непостоење или нивната неефективност. Владата понатаму упатила на аргументите и примерите на предмети што биле презентирани во врска со прашањето околу исцрпувањето на домашните правни средства и тврдела дека жалителите не ги искористиле достапните правни лекови и не поднеле никакви докази дека правните лекови биле непостоечки или неефективни.
3.Владата на Азербејџан, трета страна што и се приклучила на постапката
192. Владата на Азербејџан суштински се согласила со аргументите што биле поднесени од жалителите. Дополнително, упатувајќи на предметот Doğan and Others v. Turkey (цитиран горе, § 106), таа тврдела дела Ерменија не само што не обезбедила ефективен правен лек, туку и не спровела истрага против одговорните лица за одбивањето на пристапот до имотот и домовите.
Б. Процената на Судот
193. Судот веќе утврди повреди на член 1 на Протокол бр. 1 и на член 8 на Конвенцијата во однос на континуираното одбивање на пристапот до сопственоста и домовите на жалителите. Нивните жалби, според тоа, се жалбени барања „што може да се одбранат, т.е., оспорат во смисла на член 13 (видете, на пример, Doğan and Others v. Turkey (цитиран горе, § 163).
194. Ова жалбено барање ги содржи истите или слични елементи како оние жалбени барања што веќе беа разгледувани во контекст на приговорот во врска со исцрпувањето на домашните правни средства. Судот го повторува својот претходно наведен заклучок дека тужената држава не успеала да се ослободи од товарот на докажувањето на достапноста за жалителите на правно средство што може да им обезбеди правна заштита во однос на нивните жалби од Конвенцијата и да понуди разумни изгледи за успех (видете став 120 горе). Поради истите причини, Судот заклучува дека немало достапен ефективен правен лек во однос на одбивањето на пристапот до сопственоста и домовите на жалителите во реонот Лачин.
195. Според тоа, Судот заклучува дека имало и понатаму има повреда на правата на жалителите врз основа на член 13 на Конвенцијата и дека Република Ерменија е одговорна за оваа повреда.
VIII. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 14 НА КОНВЕНЦИЈАТА
196. Жалителите тврделе дека, во врска со горенаведените жалби, тие биле подложени на дискриминација од страна на тужената Држава врз основа на нивната етничка и верска припадност. Тие се повикале на член 14, што гласи како што следува:
„Остварувањето на правата и слободите што се утврдени во Конвенцијата се обезбедува без дискриминација врз каква било основа, како што е полот, расата, бојата на кожата, верата, политичко или кое било друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, имот, потекло по раѓање или каков било друг статус.“
A. Поднесоци на страните
1.Жалителите
197. Жалителите тврделе дека, ако тие биле етнички Ерменци и Христијани наместо азербејџански Курди и Муслимани, тие не би биле присилно раселени од своите домови од страна на силите подржани од Ерменија. Тие упатиле на извештајот на г. David Atkinson и Резолуцијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, според која што „воените дејства и широко распространетите етнички судири што им претходеа доведоа до етничко протерување од големи размери и до создавање моноетнички области што наликуваат на ужасниот концепт за етничко чистење“ (видете став 64 горе). Алтернативно, жалителите тврделе дека тие биле подложени на посредна дискриминација од страна на Република Ерменија, бидејќи дејствата што ги преземале ерменската армија и карабахските сили што биле поддржани од Ерменија несразмерно влијаеле врз азербејџанските Курди како лица што припаѓаат на група што може да се идентификува.
2.Тужената Држава
198. Владата на Ерменија тврдела дека не се јавувале никакви прашања во согласност со член 14 на Конвенцијата бидејќи немало повреди на другите членови на кои што се повикуваат жалителите. Во секој случај, жалителите не биле предмет на дискриминаторско однесување, бидејќи воените дејства во Лачин биле наменети само за отворање „хуманитарен коридор“ меѓу Ерменија и Нагорно-Карабах и не биле насочени против жителите на реонот, без оглед на нивната етничка или верска припадност. Покрај тоа, Курдите никогаш не биле дискриминирани во Република Ерменија или во „РНК“ и населението од приближно 1.500 Курди што сега живеат во Ерменија активно учествуваат во општествениот и политичкиот живот и ги уживаат сите права.
3.Владата на Азербејџан, трета страна што и се приклучила на постапката
199. Владата на Азербејџан тврдела дека воените дејства во „РНК“ и околните реони имале за цел создавање на моноетничка област. Владата тврдела понатаму дека жалителите и останатите Азербејџанци - внатрешно раселени лица биле сè уште спречени да се вратат во своите домови и на својата сопственост, додека, пак, на Ерменците им биле нудени различни стимулации (вклучувајќи бесплатни станови, пари, стока и даночни олеснувања) за населување во територијата, особено во Лачин. Страната што и се приклучила на постапката навела, исто така, дека азербејџанските Курди се разликуваат од Курдите што живеат во Ерменија со тоа што тие се Муслимани, додека вторите ја практикуваат јазидската религија.
Б. Процената на Судот
200. Заклучоците на Судот дека постојат повреди на член 1 на Протокол бр. 1 и на членовите 8 и 13 на Конвенцијата во овој предмет се однесуваат на општа ситуација што го вклучува бегството на речиси сите азербејџански државјани, од кои што најверојатно најголемиот дел се Муслимани, од Нагорно-Карабах и околните територии и нивната неможност да се вратат во овие територии. Жалбеното барање на жалителите врз основа на член 14 на Конвенцијата, според тоа, е суштински поврзано со останатите жалби. Според тоа, со оглед на утврдените повреди врз основа на останатите одредби, Судот смета дека не произлегува посебно прашање врз основа на член 14 (видете, на пример, Cyprus v. Turkey, цитиран горе, § 199; Xenides-Arestis v. Turkey, бр. 46347/99, § 36, 22 декември 2005; Catan and Others, цитиран горе, § 160).
IX. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 НА КОНВЕНЦИЈАТА
201. Член 42 на Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумно отстранување на последиците на таквата повреда, Судот, доколку е тоа потребно, и овозможува правично обесштетување на оштетената страна.“
222. Жалителите барале надоместоци за материјална штета во индивидуални износи што се движеле од 808.950 до 2.093.050 азербејџански (нови) манати (АЗН), или вкупно – за сите шест жалители - АЗН 8.386.600. Овој износ е еднаков на приближно 7.900.000 евра (ЕУР). Дополнително, секој од нив барал по ЕУР 50.000 како надоместок за нематеријална штета. Конечно, судските и другите трошоци, заклучно со 6 октомври 2013 година, изнесувале вкупно 41.703,37 британски фунти (ГБП). На расправата на Судот од 22 јануари 2014 година, застапниците на жалителите побарале, меѓутоа, да се назначи вештак што ќе даде свое мислење за процената на штетата што била претрпена од страна на жалителите.
202. Тужената Држава ги оспорила сите барања на жалителите.
203. Судот, земајќи ја предвид исклучителната природа на предметот, заклучува дека прашањето за примената на член 41 не е спремно за одлучување. Според тоа, тоа прашање мора да се резервира и да се утврди натамошната постапка.
ПОРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1.Го отфрла, со 14 гласови за наспроти 3 гласови против, прелиминарниот приговор на тужената Држава за неисцрпување на домашните правни средства;
2.Го отфрла, со 15 гласови за наспроти 2 гласови против, прелиминарниот приговор на тужената Држава во врска со статусот на жртви на жалителите;
3.Заклучува, со 14 гласови за наспроти 3 гласови против, дека прашањата што се предмет на жалбените барања се во надлежноста на Република Ерменија и го отфрла прелиминарниот приговор на тужената Држава во однос на надлежноста;
4.Заклучува, со 15 гласови за наспроти 2 гласови против, дека постои континуирана повреда на член 1 на Протокол бр. 1 на Конвенцијата;
5.Заклучува, со 15 гласови за наспроти 2 гласови против, дека постои континуирана повреда на член 8 на Конвенцијата;
6.Заклучува, со 14 гласови за наспроти 3 гласови против, дека постои континуирана повреда на член 13 на Конвенцијата;
7.Заклучува, со 16 гласови за наспроти 1 глас против, дека не произлегува посебно прашање врз основа на член 14 на Конвенцијата;
8.Заклучува, со 15 гласови за наспроти 2 гласови против, дека прашањето за примената на член 41 не е спремно за одлучување; во согласност со тоа
(a) го резервира тоа прашање;
(б) ги повикува Владата на Ерменија и жалителите да ги поднесат, во рок од дванаесет месеци од денот на доставувањето на оваа пресуда, своите писмени забелешки за ова прашање и, особено, да го известат Судот за каква било спогодба што може да ја постигнат;
(в) ја резервира натамошната постапка и му го пренесува на Претседателот на Судот да ја утврди истата доколку има потреба.
Изготвена на англиски и француски јазик и донесена на јавна расправа во Зградата за човекови права, Стразбур, на 16 јуни 2015 година.
Michael O’BoyleDean Spielmann
Заменик секретарПретседател
Во согласност со член 45 § 2 на Конвенцијата и Правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, следниве посебни мислења се приложени кон оваа пресуда:
(а) усогласено мислење на судијата Motoc;
(б) делумно усогласено, делумно неусогласено мислење на судијата Ziemele;
(в) делумно неусогласено мислење на судијата Hajiyev;
(г) неусогласено мислење на судијата Gyulumyan;
(д) неусогласено мислење на судијата Pinto de Albuquerque.
D.S.
M.O’B.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
[1].Видете, на пример, E. Benvenisti, “The International Law of Occupation” (Oxford: Oxford University Press, 2012), на стр. 43; Y. Arai-Takahashi, “The Law of Occupation: Continuity and Change of International Humanitarian Law, and Its Interaction with International Human Rights Law (Leiden: Martinus Nijhoff Publishers, 2009), на стр. 5-8; Y. Dinstein, “The International Law of Belligerent Occupation” (Cambridge: Cambridge University Press, 2009), на стр. 42-45, §§ 96-102; и A. Roberts, “Transformative Military Occupation: Applying the Laws of War and Human Rights”, 100 American Journal of International Law 580 (2006), на стр. 585-586.
[2].Мнозинството од експертите што биле консултирани од Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ICRC) во контекст на проектот за окупацијата и останатите облици на управување со странски територии биле согласни дека се потребни „војнички чизми на терен“ за утврдување на окупација – видете T. Ferraro, “Occupation and other Forms of Administration of Foreign Territory” (Geneva: ICRC, 2012), на стр. 10, 17 и 33; видете, исто така, E. Benvenisti, цитиран горе, на стр. 43ff; и V. Koutroulis, “Le debut et la fin de l’application du droit de l’occupation” (Paris: Editions Pedone, 2010), на стр. 35-41.
[3]. T. Ferraro, цитиран горе, на стр. 17 и 137; Y. Dinstein, цитиран горе, на стр. 44, § 100.
[4]. J.-M. Henckaerts и L. Doswald-Beck, “Customary International Humanitarian Law” (Geneva/Cambridge: ICRC/Cambridge University Press, 2005).
Full & Egal Universal Law Academy