Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка за судската практика на Судот бр. 186
јуни 2015 г.
Chiragov и други против Ерменија [ГС] - 13216/05
Пресуда 16.6.2015 [ГС]
Член 1
Надлежност на државите
Надлежноста на Ерменија во однос на Нагорно-Карабах и соседните окупирани територии
Член 8
Член 8-1
Почитување на семејниот живот
Почитување на домот
Почитување на приватниот живот
Одбивање пристап до домовите на азербејџански државјани што биле раселени во контекст на судирот во Нагорно-Карабах: повреда
Член 13
Ефективно правно средство
Непостоење на ефективно правно средство во однос на губењето на домот и имотот од страна на раселени лица во контекст на судирот во Нагорно-Карабах: повреда
Член 1 на Протокол бр. 1
Обврски за извршување
Член 1, став 1 на Протокол бр. 1
Мирно уживање на сопственоста
Сопственост
Непреземањето мерки од страна на Ерменија за обезбедување на имотните права на азербејџанските државјани што биле раселени во контекст на судирот во Нагорно-Карабах: повреда
Факти – Жалителите се азербејџански Курди кои живееле во реонот Лачин во Азербејџан. Тие тврделе дека не можеле да се вратат во своите домови и имоти таму, откако биле присилени да заминат во 1992 година за време на ерменско-азербејџанскиот судир за Нагорно-Карабах.
Во времето на распаѓањето на Советскиот Сојуз во декември 1991 година, Нагорно-Карабахската Автономна Област („НКАО“) била автономна покраина на Советската Социјалистичка Република Азербејџан („ССР Азербејџан“). Не постоела заедничка граница меѓу НКАО и Советската Социјалистичка Република Ерменија („ССР Азербејџан“), кои што биле раздвоени од азербејџанска територија и биле најблиску една до друга во реонот Лачин. Во 1989 година НКАО имала население во состав од приближно 77% етнички Ерменци и 22% етнички Азери. Во реонот Лачин, најголемиот дел од населението биле Курди и Азери; само 5-6% биле Ерменци. Вооружените непријателства во Нагорно-Карабах започнале во 1988 година. Во септември 1991 година - набргу откако Азербејџан ја прогласи својата независност од Советскиот Сојуз – Регионалниот совет на НКАО го најави основањето на „Република Нагорно-Карабах“ („РНК“) што се состои од територијата на НКАО и реонот Шахумијан во Азербејџан. По референдумот во декември 1991 година – што беше бојкотиран од азерското население – на кој што 99,9% од учесниците гласале за отцепувањето на РНК од Азербејџан, „РНК“ ја потврди својата независност од Азербејџан во јануари 1992 година. Потоа судирот постепено прерасна во вистинска војна. До крајот на 1993 година, етничките ерменски сили добија контрола врз речиси целата територија на поранешната НКАО, како и врз седум соседни азербејџански региони. Судирот резултираше со стотици илјади внатрешно раселени лица и бегалци на двете страни. Во мај 1994 година страните во судирот потпишаа спогодба за примирје што трае до денешен ден. Се водеа преговори за мирно решение на судирот под закрилата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (OSCE). Меѓутоа, досега не е постигнато никакво конечно политичко решение за судирот. Самопрогласената независност на „РНК“ не е признаена од ниедна држава или меѓународна организација. Пред нивното пристапување кон Советот на Европа во 2001 година, Ерменија и Азербејџан преземаа обврски пред Комитетот на министри и Парламентарното собрание, со заложби за мирно решавање на судирот во Нагорно-Карабах.
Реонот Лачин, каде што живееле жалителите, бил напаѓан повеќе пати во текот на војната. Жалителите тврделе дека нападите биле извршени од страна на војска како од Нагорно-Карабах, така и од Република Ерменија. Меѓутоа, Владата на Ерменија останала на тврдењето дека Ерменија не учествувала во настаните и дека воената акција вбила извршена од страна на одбранбените сили на Нагорно-Карабах и од групи доброволци. Во средината на мај 1992 година Лачин бил предмет на воздушно бомбардирање, при што биле уништени многу куќи. Жалителите биле присилени да избегаат од Лачин во Баку. Оттогаш тие не можеле да се вратат во своите домови и на своите имоти поради ерменската окупација. Во поддршка на своите тврдења дека живееле во Лачин најголемиот дел од своите животи, сè до нивното насилно раселување и дека таму имале куќи и земја, жалителите поднеле различни документи до Судот. Конкретно, сите шест жалители поднеле службени потврди („технички пасоши“) во кои се наведува дека куќите и земјишните парцели во реонот Лачин биле регистрирани на нивните имиња; изводи од матична книга на родените, вклучително и за нивните деца, и/или изводи од матична книга на венчаните; и писмени изјави од поранешните соседи што потврдуваат дека жалителите живееле во реонот Лачин.
Право
(a) Прелиминарни приговори
(i) Исцрпување на домашните правни средства – Тужената држава не покажала дека постои правно средство – било во Ерменија или во „РНК“ – што може да обезбеди правна заштита во однос на жалбите на жалителите. Законските одредби до кои што таа упатила се од општ карактер и не ја адресираат специфичната ситуација на одземање на имот како резултат на вооружен судир или не се однесуваат на каков било друг начин на некоја ситуација што е слична на ситуацијата на жалителите. Ниедна од поднесените домашни пресуди не се однесувала на тужбени барања во врска со губење на домови или имоти од страна на лица што биле раселени во контекст на судирот во Нагорно-Карабах. Дополнително, со оглед на тоа што тужената Држава негирала дека нејзините органи биле вклучени во настаните што довеле до жалбите на жалителите или дека Ерменија вршела надлежност врз Нагорно-Карабах и околните територии, не би било разумно да се очекува од жалителите да поднесат барања за враќање на имотот или обесштетување пред ерменските власти. На крајот, бидејќи не било постигнато какво било политичко решение за судирот и со оглед на тоа што зголемувањето на воените сили во регионот ескалирало во последните години, било нереалистично да се смета дека кое било можно правно средство во непризнаената „РНК“ би можело во практиката да обезбеди правна заштита за раселените Азебејџанци.
Заклучок: прелиминарниот приговор е отфрлен (четиринаесет гласови за наспроти три гласови против).
(ii) Статус на жртви – Судската практика на Судот развила флексибилен пристап во однос на доказите што треба да се обезбедат од страна на жалителите што тврдат дека го загубиле својот имот и домот во ситуации на меѓународен или внатрешен вооружен судир. Сличен пристап бил одразен во „Принципите за враќање на станбени објекти и друг имот на бегалците и раселените лица“ на ОН (Пинхеиро принципи). Најзначајните докази што се доставени од страна на жалителите се техничките пасоши. Како службени исправи, тие содржат планови на куќите и ги наведуваат нивните димензии и мерки, итн. Исто така, во нив се наведени се и површините на односните земјишни парцели. Пасошите датираат од периодот меѓу 1985 година и 1990 година и ги содржат имињата на жалителите. Покрај тоа, пасошите вклучуваат упатувања до соодветните одлуки за распределба на земјиште. Во дадените околности, тие обезбедуваат prima facie докази за правото на сопственост врз имотот што веќе биле прифатени од Судот во многу претходни предмети. Жалителите поднеле дополнителни prima facie докази во однос на сопственоста, вклучувајќи изјави од поранешните соседи. Исто така, документите што се однесуваат на идентитетите и жителството на жалителите ги поддржуваат нивните имотни барања. Покрај тоа, иако сите освен шестиот жалител не доставиле имотни листови или други првостепени докази, мора да се земат предвид околностите во кои што тие биле присилени да заминат од реонот, напуштајќи го кога дошло до воен напад. Според тоа, жалителите доволно ги поткрепиле своите тврдења дека живееле во реонот Лачин поголемиот дел од своите животи сè додека не биле присилени да заминат, и дека тие ги поседувале куќите и земјиштето во времето на нивното бегство.
Во согласност со советскиот правен систем, не постоела приватна сопственост на земјиштето, но граѓаните имале право да поседуваат станбени објекти. Земјишните парцели можело да се доделуваат на државјаните за посебни цели како што се земјоделската дејност или изградбата на индивидуални станбени објекти. Во таквиот случај, државјанинот имал „право на користење“, ограничено за посебна намена, што било заштитено со закон и можело да биде наследно. Оттаму, не постоело сомневање дека правото на жалителите во однос на куќите и земјиштето претставувало материјален економски интерес. Како заклучок, во времето кога морале да го напуштат реонот Лачин, жалителите биле носители на права на земјиште и на куќи што претставувале „сопственост“ во смисла на член 1 на Протокол бр. 1. Немало никаква назнака дека тие права згаснале потоа; оттаму, нивните сопственички интереси сè уште биле важечки. Покрај тоа, нивните земјишта и куќи, исто така, требало да се сметаат за нивни „домови“ во смисла на член 8 на Конвенцијата.
Заклучок: прелиминарниот приговор е отфрлен (петнаесет гласови за наспроти два гласа против).
(iii) Надлежност на Ерменија – Според мислењето на Судот, тешко можело да се замисли дека Нагорно-Карабах - ентитет со население од помалку од 150,000 етнички Ерменци - било способно, без значителна воена поддршка од Ерменија, да формира одбранбени сили на почетокот на 1992 година што, против Азербејџан со приближно седум милиони жители, не само што воспоставиле контрола врз поранешната НКАО, туку и, пред крајот на 1993 година, освоиле, во целост или поголеми делови, седум околни азербејџански реони. Во секој случај, военото учество на Ерменија во Нагорно-Карабах било, од неколку аспекти, формализирано во јуни 1994 година преку „Договорот за воена соработка меѓу владите на Република Ерменија и Република Нагорно-Карабах“ што предвидувал, особено, дека регрутите од Ерменија и од „РНК“ може да ги отслужуваат своите воени рокови во другиот ентитет. Судот забележал, исто така, дека бројни извештаи и јавни изјави, вклучително и од членови и поранешни членови на Владата на Ерменија, покажувале дека Ерменија, преку своето воено присуство и обезбедувајќи воена опрема и експертиза, била значајно вклучена во судирот во Нагорно-Карабах уште во раните фази. Изјавите од високи функционери, дури и поранешни министри и функционери, кои што имале клучна улога во предметниот спор, имале особена доказна вредност кога потврдувале факти или однесување што се спротивни на службениот став дека вооружените сили на Ерменија не биле распоредени во „РНК“ или во околните територии. Според тоа, тие може да се толкуваат како еден вид на признание. Воената поддршка од Ерменија продолжила да биде решавачки фактор за контролата врз предметните територии. Покрај тоа, од утврдената фактичка состојба во предметот било очигледно дека Ерменија и обезбедувала на „РНК“ значителна политичка и финансиска поддршка; покрај тоа, од нејзините државјани се барало да извадат ерменски пасоши за патување во странство, бидејќи „РНК“ не била признаена од ниедна држава или меѓународна организација. Како заклучок, Ерменија и „РНК“ биле се интегрирани во висок степен во речиси сите важни работи и дека „РНК“ и нејзината администрација преживуваат преку воената, политичката, финансиската и другата поддршка што ја добиваат од Ерменија. Според тоа, Ерменија вршела ефективна контрола врз Нагорно-Карабах и околните територии.
Заклучок: прелиминарниот приговор е отфрлен (четиринаесет гласови за наспроти три гласови против).
(b) Основаност
Член 1 на Протокол бр. 1: Жалителите биле носители на права на земјиште и на куќи што претставувале „сопственост“ во смисла на таа одредба. Иако насилното иселување на жалителите од Лачин било надвор од временската надлежност на Судот, Судот морал да испита дали им бил одбиен пристапот до нивните имоти по влегувањето во сила на Конвенцијата во однос на Ерменија, во април 2002 година, и дали тие, според тоа, биле предмет на континуирана повреда на нивните права.
Не постоело никакво правно средство, било во Ерменија или во „РНК“, што им било достапно на жалителите во однос на нивните жалбени барања. Според тоа, тие немале пристап до какви било правни средства преку кои што можеле да добијат обесштетување за загубата на своите имоти или да добијат физички пристап до имотот и домовите што ги оставиле зад себе. Покрај тоа, според мислењето на Судот, во практиката не било реалистично за Азербејџанците да се вратат во Нагорно-Карабах во околностите што преовладувале подолго од дваесет години по спогодбата за примирје. Тие околности вклучувале, особено, континуирано присуство на ерменски трупи и трупи што се поддржани од Ерменија, кршења на примирјето на линијата на контакт, општи непријателски односи меѓу Ерменија и Азербејџан и сè уште непостоечки изгледи за наоѓање политичко решение. Според тоа, имало континуирано вмешување во правата на жалителите на мирно уживање на својата сопственост.
Сè додека пристапот до имотот не бил можен, Државата имала обврска да преземе алтернативни мерки за обезбедување на имотните права, што било потврдено од релевантните меѓународни стандарди издадени од страна на Обединетите нации и Советот на Европа. Фактот што мировните преговори под закрилата на ОБСЕ биле во тек – и вклучувале прашања поврзани со раселените лица – не ја ослободило Владата од нејзината обврска да преземе други мерки, особено со оглед на фактот што преговорите биле во тек повеќе од дваесет години. Оттаму, било важно да се утврди механизам за имотни барања што треба да биде лесно достапен и да предвидува постапки што користат флексибилни стандарди за обезбедување докази, што ќе им овозможи на жалителите и на другите лица во нивната ситуација да ги вратат своите права на сопственост и да добијат обесштетување за губењето на правото на нивното уживање. Иако Владата на Ерменија морала да обезбеди помош за стотици илјади ерменски бегалци и внатрешно раселени лица, заштитата на таа група не ја ослободила Владата од нејзините обврски кон азербејџанските државјани како што се жалителите, што морале да побегнат како резултат на судирот. Како заклучок, што се однесува до разгледуваниот период, Владата не го оправдала лишувањето на жалителите од пристапот до нивните имоти без да им обезбеди обесштетување за таквото мешање. Оттаму, имало континуирана повреда на правата на жалителите врз основа на член 1 на Протокол бр. 1.
Заклучок: повреда (петнаесет гласови за наспроти два гласа против).
Член 8 на Конвенцијата: Сите жалители се родени во реонот Лачин. Сè до нивното бегство во мај 1992 година тие живееле и работеле таму во најголемиот дел од своите животи. Речиси сите од нив склучиле бракови и имале деца во реонот. Покрај тоа, тие заработувале за живот тамо и нивните предци живееле таму. Исто така, тие изградиле и поседувале куќи во кои што живееле. Оттаму, било јасно дека жалителите имале долготрајни животи и домови во реонот. Жалителите не земале доброволно жителство на кое било друго место, туку живееле како внатрешно раселени лица во Баку и на други места од нужност. Во околностите на предметот, нивното присилно раселување и недоброволното отсуство од реонот Лачин не може да се смета дека ја прекинале нивната врска со реонот, без оглед на времето што поминало од нивното бегство. Од истите причини како оние што довеле до неговите наоди во врска со член 1 на Протокол бр. 1, Судот заклучил дека одбивањето на пристапот до домовите на жалителите претставува неоправдано мешање во нивното право на почитување на нивниот приватен и семеен живот, како и на нивните домови.
Заклучок: повреда (петнаесет гласови за наспроти два гласа против).
Член 13 на Конвенцијата: Ерменската Влада не успеала да докаже дека било достапно некое правно средство што можело да обезбеди правна заштита на жалителите во однос на нивните жалбени барања врз основа на Конвенцијата и да понуди разумни изгледи за успех.
Заклучок: повреда (четиринаесет гласови за наспроти три гласови против).
Член 41: резервиран.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права
Ова резиме издадено од страна на Регистарот не е обврзувачко за Судот.
Кликнете овде за Информативни белешки за судската практика
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe ()). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy