© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е нарачан со поддршка од Повереничкиот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За повеќе информации видете го целосното известување за авторските права на крајот на документот.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyrights/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТИ ОДДЕЛ
ПРЕДМЕТ COPLAND против ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
(Жалба бр. 62617/00)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
3 април 2007 г.
КОНЕЧНА
03/07/2007
Во предметот Copland против Обединетото Кралство,
Европскиот суд за човекови права (Четврти оддел), заседавајќи како Совет составен од следниве судии:
Josep Casadevall, Претседател,
Nicolas Bratza,
Giovanni Bonello,
Rait Maruste,
Stanislav Pavlovschi,
Lech Garlicki,
Javier Borrego Borrego, судии,
и Lawrence Early, Секретар на Одделот,
По заседавањето без присуство на јавноста на 7 март 2006 година и 13 март 2007 година,
Ја изрекува следнава пресуда, што беше донесена на последно наведениот датум:
ПОСТАПКА
1. Предметот произлегува од жалбата (бр. 62617/00) против Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, поднесена пред Судот во согласност со член 34 на Конвенцијата за заштита на човековите права и на основните слободи („Конвенцијата“) од страна на г-ѓа Lynette Copland („жалителка“) на 23 мај 2000 година.
2. Жалителката била застапуванa пред Судот од г. J. Welch од Liberty, невладина организација за граѓански права со седиште во Лондон. Владата на Обединетото Кралство („Владата“) беше застапувана од својот застапник, г. J. Grainger, Министерство за надворешни работи и Комонвелт.
3. Жалителката се жалела на следење на нејзините телефонски разговори, преписката по електронска пошта и користењето на интернет, врз основа на членовите 8 и 13 на Конвенцијата.
4. Со одлука од 7 март 2006 година, Судот ја прогласил жалбата за делумно допуштена.
5. Жалителката поднела дополнителни забелешки, а Владата не го сторила тоа (Правило 59 § 1 од Деловникот на Судот).
ФАКТИЧКА СОСТОЈБА
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА ПРЕДМЕТОТ
6. Жалителката е родена во 1950 година и живее во Ланели (Llanelli), Велс.
7. Во 1991 година жалителката се вработила во колеџот Carmarthenshire („Колеџ“). Колеџот е законски основано тело со кое управува Државата и со овластувања што се утврдени во членовите 18 и 19 на Законот за дополнително и високо образование од 1992 година во врска со обезбедувањето на дополнително и високо образование.
8. Во 1995 година жалителката станала личен асистент на директорот на колеџот („директор“) и од крајот на 1995 година од неа се барало тесно да соработува со новоименуваниот заменик директор („заменик директор“).
9. Во периодот околу јули 1998 година, додека била на годишен одмор, жалителката посетила еден друг кампус на Колеџот со директорот, кој е маж. Дополнително разбрала дека заменикот директор го контактирал кампусот за да се распраша за нејзината посета и дека тој алудирал на постоењето на недолични односи меѓу неа и директорот.
10. Додека била вработена во Колеџот, по налог на заменикот на директорот биле следени телефонските разговори, електронската пошта и користењето на интернет од страна на жалителката. Според Владата, ваквото следење се вршело со цел да се утврди дали жалителката прекумерно ги користела службените средства за лични цели. Владата навела дека следењето на употребата на телефонот се состоело од анализа на телефонските сметки на кои се прикажуваат повикуваните телефонски броеви, датумите и времињата на повиците, нивното времетраење и цената. Жалителката сметала, исто така, дека е изготвена детална и сеопфатна евиденција за должината на повиците, бројот на примените и извршените повици и за телефонските броеви на лицата што и се јавувале. Таа навела дека најмалку во една пригода заменикот на директорот го знаел името на лицето со кое разменувала појдовни и дојдовни повици. Владата тврдела дека следењето на користењето на телефонот траело неколку месеци, до 22 ноември 1999 година. Жалителката приговорила дека нејзиниот телефонски сообраќај бил следен во текот на период од приближно осумнаесет месеци, до ноември 1999 година.
11. Заменикот на директорот го следел, исто така, користењето на интернет од страна на жалителката. Владата ги прифатила наводите дека ова следење се вршело во форма на анализирање на посетуваните веб локации, времињата и датумите на посетите на веб локациите и нивното времетраење и дека ова следење било вршено од октомври до ноември 1999 година. Жалителката не го коментирала начинот на кој било вршење следење на нејзиниот интернет сообраќај, но навела дека тоа било вршено во многу подолг временски период од оној што го признала Владата.
12. Во ноември 1999 година жалителката дознала дека нејзиното користење на електронската пошта на работното место било предмет на истрага кога нејзината паштерка била контактирана од Колеџот и од неа било побарано да достави информации за електронските пораки што ги испратила до Колеџот. Жалителката писмено му се обратила на директорот и прашала дали против неа се води општа истрага или само нејзината преписка преку електронската пошта е предмет на истрага. Со електронска порака од 24 ноември 1999 година, директорот ја информирал жалителката дека, иако се води евиденција за сите активности на електронската пошта, одделението за информатички технологии на Колеџот ги истражувало само нејзините електронски пораки по налог на заменикот на директорот.
13. Владата тврдела дека следењето на електронските пораки се вршело во форма на анализирање на е-маил адресите и датумите и времињата на испраќање на електронските пораки, како и дека следењето било вршено неколку месеци пред 22 ноември 1999 година. Според жалителката, следењето на електронските пораки траело најмалку шест месеци, од мај до ноември 1999 година. Таа доставила материјални докази во форма на исписи што детално ја прикажуваат нејзината преписка по електронска пошта од 14 мај до 22 ноември 1999 година и во нив се наведени датумите и времињата на испраќање на електронските пораки од нејзината сметка, заедно со е-маил адресите на примателите на пораките.
14. Со допис од 29 ноември 1999 година, директорот му се обратил во писмена форма на заменикот директор и побарал потврда за содржината на нивниот разговор, како што следува:
„За да се избегнат нејасностите сметав дека е важно да ги потврдам моите ставови што ви ги искажав минатата седмица во врска со истрагата на е-маил преписката [на жалителката].
Откако [жалителката] увидела дека некој од [Колеџот] ги следи нејзините електронски пораки, разговарав со [СТ], кој потврди дека тоа е точно и дека вие сте дале налог за тоа. Со оглед на тоа што претстојното законодавство предвидува дека е незаконски организациите да прегледуваат нечија е-маил преписка без дозвола од тоа лице, јас, секако, бев загрижен поради последниве случувања и му наложив на [СТ] да не врши какви било натамошни анализи. Покрај тоа, од вас побарав да го сторите истото и побарав сите информации што ги поседувате за [жалителката] да бидат итно проследени до мене. Вие наведовте дека ќе одговорите позитивно на двете барања и ми ја потврдивте вашата загриженост во врска со [жалителката].“
15. Во материјалното време во Колеџот не била во сила каква било политика за следење на телефонските разговори, преписката по електронска пошта и користењето на интернет од страна на вработените.
16. Некаде во март или април 2000 година жалителката била информирана од останатите вработени во Колеџот дека во периодот меѓу 1996 година и крајот на 1999 година дел од нејзините активности биле следени од заменикот на директорот или од лицата што постапувале во негово име. Жалителката верувала, исто така, дека заменикот на директорот, или лицата што постапувале во негово име, им се јавувале телефонски на лицата со кои таа претходно разговарала за да ги идентификуваат повикувачите и да ја утврдат целта на таквите повици. Дополнително, таа верувала дека заменикот на директорот дознал дека таа испратила факс со правно заштитена содржина на своите адвокати и дека нејзините лични движења, како на работа, така и во времето кога била на годишен одмор или боледување, биле предмет на следење.
17. Жалителката му доставила на Судот изјави од останатите вработени во кои се тврди дека било вршено несоодветно и наметливо следење на нејзиното движење. Жалителката, која сè уште е вработена во Колеџот, знае дека заменикот на директорот е суспендиран.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
А. Закон за приватноста
18. Во релевантното време не постоело општо право на приватност во англиското право.
19. Од почетокот на спроведувањето на Законот за човекови права од 1998 година на 2 октомври 2000 година, од судовите се бара, колку што е тоа можно, да го толкуваат и спроведуваат примарното законодавство на начин што е во согласност со правата од Конвенцијата. Законот, исто така, предвидува дека е незаконски за какви било јавни власти, вклучувајќи ги и судовите, да постапуваат на начин што не е во согласност со некое право од Конвенцијата, освен ако тоа не се бара со примарното законодавство, на тој начин обезбедувајќи го развојот на општото право во согласност со правата од Конвенцијата. Во предметот Douglas v. Hello! Ltd ([2001] 2 WLR 992), Лордот-судија Sedley навел дека е подготвен да утврди дека постои право на приватност во согласност со англиското право, но Апелацискиот суд не донел пресуда по оваа точка.
20. Законот за уредување на истражните овластувања од 2000 година („законот од 2000 година“) го уредува, inter alia, пресретнувањето на комуникациите. Прописите за телекомуникациите (законити деловни практики) од 2000 година беа донесени во рамките на Законот од 2000 година и влегоа во сила на 24 октомври 2000 година. Прописите ги пропишуваат околностите во кои работодавачите може да ги снимаат или следат комуникациите (како што се електронската пошта или телефонските разговори) без согласност од вработениот или од другата страна во таквите комуникации. Од работодавачите се барало да преземат разумни мерки за информирање на вработените дека нивните комуникации може да бидат пресретнувани.
Б. Договорно обесштетување во случај на кршење на довербата од страна на работодавачот
21. Горниот дом, во предметот Malik v. Bank of Credit and Commerce International SA ([1997] IRLR 462), потврдил дека, како прашање на правото, во секој договор за вработување се подразбира општ услов дека работодавачот нема „без разумна и соодветна причина, да се однесува на начин што е намерен и најверојатно води кон уништување или сериозно нарушување на односот на доверба меѓу работодавачот и вработениот“. Во предметот Malik, Горниот дом го разгледувал доделувањето на таканареченото „обесштетување за стигма“ во случаите кога поранешното вработено лице не може да најде вработување поради поврзаноста со нечесниот поранешен работодавач. При разгледувањето на обесштетувањето што може да се додели за кршење на обврската за доверба, Домот го разгледувал единствено прашањето за плаќање на обесштетување за финансиските загуби што произлегуваат од неповолната положба на пазарот на трудот. Лордот Nicholls изречно забележал дека „[за] овие цели не се занимавам со прашањето за исклучување на обесштетувањето за повредените чувства бидејќи овој предмет се однесува единствено на финансиските загуби“.
22. Ограничувајќи го опсегот на имплицитниот услов за доверба во предметот Malik, Лордот Steyn го изјавил следново:
„Имплицитната заемна обврска за доверба се применува единствено кога „не постои разумна и соодветна причина“ за однесувањето на работодавачот, но и тогаш само ако однесувањето е намерно и насочено кон уништување или сериозно нарушување на односот на доверба. Ова го ограничува можниот досег и опсег на имплицитната обврска.“
В. Прекршок на злоупотреба на службена положба на јавна функција
23. Прекршокот на злоупотреба на службената положба на јавна функција се јавува кога јавниот службеник (а) ги користи своите овластувања со специфична намера да му наштети на тужителот, или (б) постапува со знаење за, или небрежна рамнодушност кон, незаконитоста на своите постапки и со знаење за, или небрежна рамнодушност кон, веројатноста дека ќе му нанесе штета на тужителот или на определена категорија луѓе на која и припаѓа тужителот (Three Rivers District Council v. Bank of England (Бр. 3) (HL) [2000] 2 WLR 1220).
Г. Закон за заштита на податоците од 1984 година
24. Во времето на случување на дејствијата на кои се жали жалителката, Законот за заштита на податоците од 1984 година („Законот од 1984 година“) го уредувал начинот на кој луѓето и организациите што ги чуваат податоците, односно „имателите на податоците“, ги обработуваат или користат таквите податоци. Законот предвидува определени правни лекови што може да ги искористат лицата во случај на злоупотреба на нивните лични податоци. Законот од 1984 година сега е заменет со Законот за заштита на податоците од 1998 година.
25. Член 1 на Законот од 1984 година ги дефинира своите изрази како што следува.
“...
(2) „Податок“ значи информација што е евидентирана во форма во која може да се обработува со опрема што работи автоматски во согласност со упатствата дадени за таа цел.
(3) „Личен податок“ значи податок што се состои од информации што се однесуваат на живо лице кое може да се идентификува со таквите информации (или од тие и други информации што ги поседува корисникот на податоците) ...
(4) „Субјект на податокот“ значи лице кое е субјект на личните податоци.
(5) „Корисник на податоци“ значи лице кое ги поседува податоците, а некое лице „поседува“ податоци ако -
(а) податоците претставуваат дел од збирка на податоци што се обработуваат или е планирано да се обработуваат од тоа лице или во негово име, како што е наведено во ставот (2) горе; и
(б) тоа лице ... ја контролира содржината и употребата н податоците содржани во збирката; и
(в) податоците се во формата во која биле обработени или било планирано да бидат обработени, како што е наведено во ставот (а) ...
(7) „Обработка“, во однос на податоците, значи изменување, проширување, бришење или преуредување на податоците или извлекување на информациите што ги сочинуваат податоците и, во случајот на личните податоци, значи вршење на кое било од овие дејствија во однос на субјектот на податоците.
...
(9) „Откривање“, во однос на податоци, вклучува откривање на информациите што се извлечени од податоците ...“
26. „Принципите за заштита на податоците“ што треба да ги почитуваат имателите на податоците се утврдени во Дел I на Прилог 1 на Законот, како што следува.
„1. Информациите што се содржани во личните податоци се добиваат, а личните податоци се обработуваат, правично и законито.
2.Личните податоци се чуваат само за една или повеќе утврдени и законити цели.
...
4.Личните податоци што се чуваат за која било цел ... се адекватни, релевантни и не се прекумерни во однос на таа цел или цели.“
27. Член 23 на Законот од 1984 година предвидува права за обесштетување на субјектот на податоците во случај на неовластено откривање на лични податоци.
„(1) Лицето кое е субјект на личните податоци што ги чува корисникот на податоците ... и кое претрпело штета поради -
...
(в) ... откривање на податоците, или добивање пристап до податоците, без претходно наведеното овластување,
има право на обесштетување од корисникот на податоците ... за таквата штета или каква било потешкотија што лицето ја претрпело поради ... откривањето или пристапот.“
28. Законот од 1984 година, исто така, ја пропишува положбата на Регистраторот за заштита на податоците, со обврска да го промовира почитувањето на принципите за заштита на податоците од страна на корисниците на податоци. Во член 10 законот предвидува кривично дело како што следува.
„(1) Ако Регистраторот се увери дека регистрираното лице ги прекршило или прекршува некој од принципите за заштита на податоците, може на таквото лице да му достави опомена („опомена за извршување“) барајќи од него да преземе ... мерки што се утврдени за усогласување со соодветниот принцип или принципи.
(2) При одлучувањето за испраќањето на опомена за извршување, Регистраторот разгледува дали прекршувањето предизвикало или може да предизвика штета или потешкотија на кое било лице.
...
(9) Секое лице што нема да ја почитува опомената за извршување се смета виновно за вршење на делото ...“
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 8 НА КОНВЕНЦИЈАТА
29. Жалителката тврдела дека преземените активности за следење претставувале мешање во нејзиното право на почитување на приватниот живот и преписката во согласност со член 8, кој гласи како што следува:
„1.Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2.Јавните власти не смеат да се мешаат во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и е неопходно во едно демократско општество во интересите на државната и јавната безбедност или економската благосостојба на земјата, заштитата на јавниот ред и спречување на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите.“
30. Владата го оспорила овој аргумент.
A. Поднесоци на страните
1.Владата
31. Владата прифатила дека Колеџот е јавно тело за чиишто постапки Државата е непосредно одговорна во согласност со Конвенцијата.
32. Иако имало определено следење на телефонските повици, електронските пораки и користењето на Интернет од страна на жалителката пред ноември 1999 година, овие активности не се прошириле на прислушување на телефонските повици или анализа на содржината на интернет страниците што таа ги посетувала. Оттаму, следењето се сведувало на обична анализа на автоматски генерираните информации со цел да се утврди дали средствата на Колеџот се користеле за лични цели, што, само по себе, не претставува непочитување на приватниот живот или преписката. Предметот P.G. and J.H. v. the United Kingdom (бр. 44787/98, ECHR 2001‑IX) може да се издвои како посебен бидејќи во тој предмет навистина се работело за прислушување на телефонски повици. Постоеле значителни разлики во однос на предметот Halford v. the United Kingdom (25 јуни 1997 година, Извештаи за пресуди и одлуки 1997‑III), во кој телефонските повици на жалителката биле прислушувани на телефон што бил наменет за лична употреба и, особено, за комуникации во врска со нејзината парница против работодавачот.
33. Во случај ако анализата на записите од користењето на телефонот, електронската пошта и Интернет се смета дека претставува мешање во правото на приватен живот и преписка, Владата тврдела дека таквото мешање било оправдано.
34. Прво, тоа било вршено со легитимна цел за заштита на правата и слободите на другите преку осигурување дека средствата што ги обезбедува јавно финансираниот работодавач не се злоупотребуваат. Второ, мешањето имало основа во домашното право со оглед на тоа што Колеџот, како законски основано тело, со овластувања што му овозможуваат да обезбедува дополнително и високо образование и да врши се што е неопходно и целисходно за остварување на тие цели, имал овластување да преземе разумна контрола врз своите средства за да осигури дека може да ги врши своите законски утврдени функции. Било разумно предвидливо дека средствата што ги обезбедувало законски основаното тело од јавните фондови не може да се користат прекумерно за лични цели и дека Колеџот ќе изврши анализа на својата евиденција за да утврди дали постои каква било веројатност за лична употреба што треба да се истражи. Во таа смисла, ситуацијата била аналогна на ситуацијата во предметот Peck v. the United Kingdom (бр. 44647/98, ECHR 2003‑I).
35. Конечно, дејствијата биле неопходни во демократското општество и биле сразмерни бидејќи ниедно мешање не одело подалеку од неопходното за утврдување дали постоела таква прекумерна лична употреба на средствата што ја оправдува истрагата.
2.Подносителот на жалбата
36. Жалителката не го прифатила тврдењето дека нејзините електронски пораки не биле читани и дека нејзините телефонски разговори не биле прислушувани, туку тврдела дека било очигледно, дури и во случајот ако фактите што ги претставила Владата биле точни, дека биле преземени определени активности за следење што претставуваат мешање во нејзиното право на почитување на приватниот живот и преписката.
37. Таа се повикала на законодавството што следело по наводната повреда, односно на Законот за уредување на истражните овластувања од 2000 година и Прописите за телекомуникациите (законити деловни практики) од 2000 година (видете став 20 горе), за кои што тврдела дека претставуваат изречно признание на Владата дека таквото следење претставува мешање во согласност со член 8 и дека за него е потребно овластување за да биде законито. Со оглед на тоа што овие закони влегле во сила во 2000 година, правниот основ за таквото мешање е утврден по случувањата од овој предмет. Оттаму, мешањето немало основа во домашното право и во целост се разликува од позицијата во предметот Peck (видете став 34 горе), каде локалните власти биле посебно овластени со закон да вршат визуелно снимање на настаните што се случуваат во нивната област. Во овој предмет немало такво изречно овластување за Колеџот да врши следење на своите вработени, а законските овластувања не овозможуваат разумно предвидување на таквото следење.
38. Жалителката тврдела дека однесувањето на Колеџот не било ниту неопходно ниту сразмерно. Постоеле разумни и помалку наметливи методи што Колеџот можел да ги примени, како, на пример, изготвувањето и објавувањето на политика што се однесува на следењето на користењето на телефонот, Интернетот и електронската пошта од страна на вработените.
Б. Процената на Судот
39. Судот го забележува прифаќањето од страна на Владата дека Колеџот е јавно тело за чиишто дејствија е одговорна таа во смислата на Конвенцијата. Оттаму, Судот смета дека во овој предмет прашањето што треба да се анализира во согласност со член 8 се однесува на негативната обврска на Државата да не се меша во приватниот живот и преписката на жалителката и дека нема посебни прашања во однос на домот или семејниот живот.
40. Судот дополнително забележува дека страните не се согласни во врска со природата на ова следење и временскиот период во кој тоа се случувало. Меѓутоа, Судот не смета дека е неопходно да се навлегува во овој спор бидејќи постои спорно прашања во согласност со член 8 дури и врз основа на фактите што се признаени од Владата.
Опфатот на приватниот живот
41. Во согласност со практиката на Судот, телефонските повици што се упатуваат од деловните простории се prima facie опфатени со поимите за „приватен живот“ и „преписка“ во смисла на член 8 § 1 (видете Halford, цитиран горе, § 44, и Amann v. Switzerland [GC], бр. 27798/95, § 43, ECHR 2000‑II). Логички произлегува дека електронските пораки што се испраќаат од работа треба слично на тоа да бидат заштитени во согласност со член 8, исто како и информациите што се добиени преку следењето на личното користење на Интернет.
42. Жалителката во овој предмет не добила предупредување дека нејзините повици може да бидат предмет на следење и, според тоа, таа имала разумни очекувања во врска со приватноста на повиците што ги вршела од својот службен телефон (видете Halford, § 45). Истото очекување се однесува и електронската пошта и користењето на Интернет од страна на жалителката.
2. Дали постоело мешање во правата што се гарантираат со член 8
43. Судот забележува дека користењето на информациите што се однесуваат на датумот и должината на телефонските разговори и особено на повикуваните броеви може да доведе до спорно прашање во согласност со член 8 бидејќи таквите информации претставуваат „составен елемент на телефонските комуникации“ (видете Malone v. the United Kingdom, 2 август 1984 г., § 84, Серија A бр. 82). Сам по себе, фактот што Колеџот можел легитимно да ги добие овие податоци, во облик на телефонски сметки, не претставува пречка за утврдувањето на мешање во правата што се гарантираат со член 8 (ibid.). Покрај тоа, чувањето на лични податоци што се однесуваат на приватниот живот на определено лице, исто така, е во опфатот на член 8 § 1 (видете Amann, цитиран горе, § 65). Според тоа, фактот што податоците кои ги чувал Колеџот не биле откриени или употребени против жалителката во дисциплинска или друга постапка не е релевантен.
44. Според тоа, Судот смета дека собирањето и чувањето на лични информации што се однесуваат на користењето на телефонот, како и електронската пошта и Интернет од страна на жалителката, без нејзино знаење, претставува мешање во нејзиното право на почитување на приватниот живот и преписката во смисла на член 8.
3. Дали мешањето било „во согласност со законот“
45. Судот забележува дека во судската практика е добро утврдено дека изразот „во согласност со законот“ подразбира – а ова произлегува од предметот и намената на член 8 – дека мора да постои мерка за правна заштита во домашното право против произволните мешања на јавните власти во правата што се заштитени со член 8 § 1. Ова важи уште повеќе во областите како што е предметното следење, со оглед на недостигот од јавен надзор и ризикот од злоупотреба на овластувањата (видете Halford, цитиран горе, § 49).
46. Овој израз не бара само усогласеност со домашното право, туку се однесува и на квалитетот на тоа право, барајќи да биде компатибилно со владеењето на правото (видете, inter alia, Khan v. the United Kingdom, бр. 35394/97, § 26, ECHR 2000-V, и P.G. and J.H. v. the United Kingdom, цитиран горе, § 44). За да се исполни барањето за предвидливост, законот мора да содржи доволно јасни услови за да им овозможи на поединците соодветни индикации во врска со тоа во кои околности и под какви услови властите се овластени да прибегнат кон спроведувањето на таквите мерки (видете Halford, цитиран горе, § 49, и Malone, цитиран горе, § 67).
47. Судот не е убеден од поднесокот на Владата дека Колеџот бил овластен врз основа на своите законски овластувања да презема „сè што е неопходно или целисходно“ за целите на обезбедување високо и дополнително образование и смета дека овој аргумент е неуверлив. Дополнително, Владата не тврди дека во тоа време постоеле какви било одредби, како во домашното право, така и во управувачките инструменти на Колеџот, што ги уредувале околностите под кои работодавачот може да го следи користењето на телефонот, електронската пошта или Интернет од страна на неговите вработени. Покрај тоа, јасно е дека Прописите за телекомуникациите (законити деловни практики) од 2000 година (донесени врз основа на Законот за уредување на истражните овластувања од 2000 година) што содржат такви одредби не биле во сила во релевантното време.
48. Според тоа, бидејќи во релевантното време немало домашно право што го уредува следењето, мешањето во овој предмет не било „во согласност со закон“ како што се бара со член 8 § 2 на Конвенцијата. Судот не ја исклучува можноста дека следењето на користењето на телефонот, електронската пошта и Интернет од страна на вработените на работното место може во определени случаи да се смета за „неопходно во демократското општество“ кога за тоа постои легитимна цел. Меѓутоа, земајќи го предвид горе наведениот заклучок, не е неопходно да се изјасни во врска со тоа прашање во овој предмет.
49. Согласно со тоа, постои повреда на член 8 на Конвенцијата во оваа смисла.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 13 НА КОНВЕНЦИЈАТА РАЗГЛЕДУВАН ЗАЕДНО СО ЧЛЕН 8
50. Жалителката тврдела дека не постои ефективно домашно правно средство за повредите на член 8 на Конвенцијата на кои таа се жалела и дека, согласно со тоа, имало повреда на член 13, што го предвидува следново:
„Секој човек, чиишто права или слободи што се утврдени со оваа Конвенција се нарушени има право на ефективни правни лекови пред националните власти, без оглед на тоа дали повредата на правата и слободите ја сториле лица при вршење на службена должност.“
51. Земајќи ја предвид својата одлука за член 8 (видете став 48 горе), Судот не смета дека е неопходно да ја разгледува жалбата на жалителката врз основа на член 13.
III. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
52. Член 41 на Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумно отстранување на последиците на таквата повреда, Судот, доколку е тоа потребно, и овозможува правично обесштетување на оштетената страна.“
А. Штета
53. Жалителката не поднела барање за надоместување на материјална штета, но, без да наведе определен износ, поднела барање за надоместување на нематеријална штета за стрес, вознемиреност, лошо расположение и неможност за спиење. Таа доставила медицински наод од јули 2006 година што потврдува дека боледува од стрес и несоница поради работната средина.
54. Владата тврдела дека доставениот наод од страна на жалителката не покажувал дека стресот на којшто се жалела бил предизвикан од фактите што довеле до нејзината жалба. Дополнително, Судот утврдил во повеќе предмети што се однесуваат на жалби во врска со полициско прислушување на комуникациите на осомничените криминалци дека, според неговото мислење, утврдувањето на повредата треба, само по себе, да претставува правично обесштетување (видете Taylor-Sabori v. the United Kingdom, бр. 47114/99, § 28, 22 октомври 2002 г.; Hewitson v. the United Kingdom, бр. 50015/99, § 25, 27 мај 2003 г.; и Chalkley v. the United Kingdom, бр. 63831/00, § 32, 12 јуни 2003 г.). Покрај тоа, бидејќи наводното однесување се состоело од следење, а не од прислушување, природата на таквото мешање била на прилично пониско ниво на сериозност од она во горе наведените предмети.
55. Судот ги констатира горе наведените предмети од страна на Владата, но и забележува дека во предметот Halford (цитиран горе, § 76), што се однесува на прислушување на приватните телефонски разговори на вработената од страна на нејзиниот работодавач, доделил 10.000 фунти (ГБП) во однос на нематеријалната штета. Одлучувајќи врз правична основа во овој предмет, Судот и доделува на жалителката 3.000 евра (ЕУР) во однос на нематеријалната штета.
Б. Судски и други трошоци
56. Жалителката барала надоместок за поднесените судски и други трошоци во вкупен износ од 9.363 ГБП, со вклучен данок на додадена вредност. Овој износ ги вклучувал надоместоците платени на адвокат и адвокатски приправник во износ од 7.171,62 ГБП, издатоци во износ од 1.556,88 ГБП, а остатокот се однесувал на очекуваните идни трошоци.
57. Владата тврдела дека надоместоците по час што ги наплаќале адвокатите и стапката на зголемување во текот на периодот на траење на предметот биле прекумерни. Покрај тоа, првичната жалба на жалителката вклучувала низа приговори што Судот ги прогласил за недопуштени и оттаму, делот од трошоците што се однесуваат на таквите барања не би требало да се надоместат. Според мислењето на Владата, износот од 2.000 ГБП соодветно би ги покрил поднесените судски и други трошоци.
58. Согласно со судската практика од решените предмети, Судот доделува надоместување на судските и другите трошоци под услов ако тие се однесуваат на утврдената повреда и под услов ако тие биле вистински и неопходно поднесени и дека се оправдани во поглед на нивниот износ (видете, меѓу останатите релевантни предмети, Schouten and Meldrum v. the Netherlands, 9 декември 1994 г., § 78, Серија A бр. 304, и Lorsé and Others v. the Netherlands, бр. 52750/99, § 103, 4 февруари 2003 г.). Земајќи ги предвид сите околности, Судот и доделува на жалителката 6.000 ЕУР за поднесените судски и други трошоци, заедно со каков било данок на додадена вредност што се плаќа за овој износ.
В. Затезна камата
59. Судот смета дека е соодветно затезната камата да се пресметува врз основа на маргиналната каматна стапка на Европската централна банка, на која треба да и се додадат три процентни поени.
ПОРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1.Заклучува дека постои повреда на член 8 на Конвенцијата;
2.Заклучува дека не е неопходно да го разгледува предметот врз основа на член 13 на Конвенцијата;
3.Заклучува
(а) дека тужената Држава треба да и ги исплати на жалителката, во рок од три месеци по денот на кој пресудата станува конечна и правосилна во согласност со член 44 § 2 на Конвенцијата, следниве износи, што треба да се претворат во фунти според важечкиот девизен курс на денот на плаќањето:
(i) 3.000 ЕУР (три илјади евра) во однос на нематеријалната штета;
(ii) 6.000 ЕУР (шест илјади евра) во однос на судските и другите трошоци;
(iii) какви било даноци што може да се плативи на горе наведените износи;
(б) дека од истекувањето на претходно наведениот рок од три месеци до исплатата се пресметува проста камата на горенаведениот износ по стапка еднаква на маргиналната каматна стапка на Европската централна банка во текот на периодот на доцнење на исплатата, зголемена за три процентни поени;
4.Го одбива остатокот од барањето на подносителите за правично обесштетување.
Изготвено на англиски јазик и доставено во писмена форма на 3 април 2007 година, во согласност со Правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Lawrence EarlyJosep Casadevall,
СекретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот јазик. Овој превод е нарачан со поддршка од Повереничкиот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не е обврзувачки за Судот, ниту пак Судот презема каква било одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се преземе од HUDOC базата на податоци за судската практика на Европскиот суд за човекови права () или од кој било друга база на податоци на која што Судот го има отстапено преводот. Преводот може да се репродуцира за некомерцијални цели под услов ако се цитира целосниот наслов на предметот, заедно со ова известување за авторските права и упатување до Повереничкиот фонд за човекови права. Ако се планира да се искористи кој било дел од преводот за комерцијални цели, ве молиме стапете во контакт со publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of the translation for commercial purpose, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle put être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy