Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈ КУДЕРК И АШЕТ ФИЛИПАКИ СОРАБОТНИЦИ (COUDERC AND HACHETTE FILIPACCHI ASSOCIÉS) против ФРАНЦИЈА
(Жалба бр. 40454/07)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
10 Ноември 2015
Оваа пресуда е конечна но може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Кудерк и Ашет Филипаки соработници (Couderc and Hachette Filipacchi Associés) против Франција,
Европскиот Суд за човекови Права, заседавајќи во Голем совет составен од:
Дин Шпилман (Dean Spielmann), претседател,
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Исил Каракаш (Işıl Karakaş),
Ханлар Хаџиев (Khanlar Hajiyev),
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Мирјана Лазарова Трајковска (Mirjana Lazarova Trajkovska),
Леди Бианку (Ledi Bianku),
Јулиа Лафранк (Julia Laffranque),
Паоло де Пинто Албакерки (Paulo Pinto de Albuquerque),
Ерик Мосе (Erik Møse),
Хелен Келер (Helen Keller),
Андре Поточки (André Potocki),
Алеш Пејчал (Aleš Pejchal)
Јоханес Силвис (Johannes Silvis),
Валериу Гритко (Valeriu Griţco),
Роберт Спано (Robert Spano),
Бранко Лубарда (Branko Lubarda), судии,
и Сорен Пребенсен (Søren Prebensen), Заменик секретар на Големиот судски совет
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 15 април 2015 г. и на 19 октомври 2015 г.,
Ја донесе следната пресуда, усвоена на погоре наведената дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалба (бр. 40454/07) поднесена против Француската Република согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од г-ѓа Ан-Мари Кудерк, француска државјанка, и Ашет Филипаки Соработници, фирма основана согласно Францускиот закон („Жалителките“), на 24 август 2007 г.
2. Жалителките беа застапувани од г-ѓа де Персе (de Percin) од париската адвокатска комора. Француската Влада („владата“) беше застапувана од страна на нејзиниот ко-агент, г-дин де Берг (de Bergues), заменик-директор за правни работи во Министерството за надворешни работи и меѓународен развој.
3. Жалителките тврдеа дека претрпеле неоправдана повреда на нивната слобода на изразување (член 10 oд Конвенцијата).
4. Жалбата му беше доделена на Петтиот оддел на Судот (член 52 § 1 од Деловникот на Судот). На 13 мај 2014 година, Судски совет на тој оддел составен од следниве судии: Марк Вилигер (Mark Villiger), Ангелика Нусбергер (Angelika Nußberger), Боштјан М. Жупанчиќ (Boštjan M. Zupančič), Ен Пауер-Форд (Ann Power-Forde), Андре Поточки (André Potocki,), Пол Леменс (Paul Lemmens) и Хелена Јадерблом (Helena Jäderblom), а исто така и од Клаудиа Вестердиек (Claudia Westerdiek), секретар на одделот, ја прогласи жалбата за допуштена, и донесе пресуда. На 11 септември 2014 година, владата побара, во согласност со членот 43 од Конвенцијата, случајот да биде упатен до Големиот судски совет. На 13 октомври 2014 година, колегиумот на Големиот судски совет го одобри тоа барање.
5. Составот на Големиот судски совет беше утврден во согласност со одредбите од членот 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и членот 24.
6. Жалителките и владата доставија дополнителни писмени забелешки во однос на основаноста (член 59 § 1 од Деловникот на Судот). Покрај тоа, беа добиени и коментари од трета страна од Владата на Монако и од невладината организација Media Legal Defense Initiative, кои добија дозвола од страна на Претседателот на Големиот судски совет да бидат вмешувачи во постапката (член 36 § 2 од од Конвенцијата и член 44 § 3).
7. Беше одржано јавно рочиште во Палатата за човекови права зграда, Стразбур, на 15 април 2015 година (Член 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(а)за Владата
Г-динГ. де Берг (G. de Bergues) Заменик-директор за правни работи во Министерството за надворешни работи и меѓународен развој, Ко-агент,
Г-ѓаE. Јунг (E. Jung),
Г-ѓаП. Руо-Шалие (P. Rouault-Chalier),
Г-ѓаК. Фабр (C. Fabre),
Г-ѓаТ. Јевцзук (T. Jewcsuk),Советници;
(б) за жалителките
Г-ѓаМ.-К. де Персе (M.-C. de Percin), од париската адвокатска комора, Адвокат.
Судот ги сослуша обраќањата на Г-ѓа де Персе и г-дин де Берг.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ (...)
8. Жалителките се, соодветно, директорката на изданието и фирмата издавач на неделниот магазин Пари мач (Paris Match). Г-ѓа Ан-Мари Кудерк (Anne-Marie Couderc) е родена во 1950 г. и живее во Левалоа-Пере (Levallois-Perret). Фирмата Хашет Филипаки Соработници (Hachette Filipacchi Associés) има регистрирано седиште во Левалоа-Пере.
A. Позадината на случајот
9. На 3 мај 2005 година, британскиот весник Дејли меил (Daily Mail) објавил напис со наслов „Дали ова момче е наследникот на Монако?“, во кој биле објавени информациите обелоденети од една жена, г-ѓа Кост, која тврди дека таткото на нејзиниот син бил Алберт Грималди (Albert Grimaldi,), кој станал актуелниот принц на Монако (во понатамошниот текст „принцот“) по смртта на неговиот татко, на 6 април 2005 година. Во написот се споменувало престојното издание на Пари мач, и биле претставени неговите основни елементи. Тој бил придружен со три фотографии, од кои една го покажувала принцот како го држи детето во рацете и имала поднаслов „Неговиот наследник на престолот? Принцот Алберт со Александар“.
10. Истиот ден, со оглед дека бил информиран дека требало да биде објавена статија во Пари мач, Принцот Алберт им испратил официјално писмо на жалителките барајќи да се воздржат од нејзиното објавување.
11. На 4 мај 2005 година, германскиот неделник Бунте (Bunte) објавил интервју со г-ѓа Кост. Насловната страница на списанието имала наслов „Prinz Albert ist der Vater meines Kindes“(„Принцот Алберт е татко на моето дете“). Таа било илустрирана со две фотографии на принцот: на една од нив тој бил прикажан заедно со г-ѓа Кост, а на другата го држел детето во раце.
12. На истиот ден, различни интернет сајтови ја пренеле веста. Во Франција, информации од претстојниот напис од Пари мач биле објавени во статија на интернет страницата на радио станица РТЛ насловена „Le prince Albert II aurait un fils, silence au Roche“ („Принцот Алберт Втори наводно има син, Монако без коментар“). Од своја страна, каналот LCI објавил напис под наслов „Albert: la rumeur d’un fils“ („ Алберт: гласините за син“) на својата интернет страница. Веста, исто така, се појавила на интернет страницата на MEDEF (Француска бизнис конфедерација), како што следува: „L’enfant caché du prince Albert de Monaco : selon certains journaux britanniques et allemands, Albert de Monaco serait le papa d’un petit garçon de 19 mois“(„Тајниот син на Принцот Алберт од Монако: според некои британски и германски весници, Алберт од Монако е татко на 19-месечно момченце“).
13. На 5 мај 2005 година, и покрај официјалното барање од принцот да не се објави написот, неделниот магазин Пари мач го објавил написот во своето издание бр. 2920, претставен на насловната страница на списанието, под наслов „Albert de Monaco : Alexandre, l’enfant secret “( „Алберт де Монако: Александар, тајното дете“), илустриран со мала фотографија на принцот со детето во раце. Написот, објавен на страниците 50 до 59 од списанието, се состоел од интервјуто со г-ѓа Кост, која одговорила на прашањата поставени од страна на новинарот и изјавила дека таткото на нејзиниот син Александар, роден на 24 август 2003 година, бил принцот. Поточно, интервјуто ги опишувало околностите во кои г-ѓа Кост се сретнала со принцот, нивниот интимен однос, нивните чувства, и начинот на кој принцот реагирал на веста за бременоста на г-ѓа Кост и се однесувал спрема детето на раѓањето и потоа.
14. Релевантните пасуси од ова интервју следат:
„Пари мач: Кога се сретнавте со Алберт од Монако?
Никол Кост: Пред осум години, на лет Ница Париз ... Пред слетувањето тој ме праша за мојот телефонски број. Две недели подоцна имав порака на мојот мобилен ...
... Тој сакаше да ме покани на Монако ... Отидов таму следниот викенд ... Минавме многу нежна ноќ заедно, беше многу романтично! По тој викенд, тој ми се јави за да ми каже дека му било многу убаво и дека сака да ме види повторно.
...
Неколку месеци подоцна, јас многу се вљубив. Го минував викендите во Монако. тој ме носеше секаде со него кога немаше службени обврски ...
...
Имав впечаток дека нешто се случува. Тој не зборуваше за своите чувства, но го слушнав неговото срце како чука. Има знаци кои не можат да те излажат кога си во нечија прегратка ... Тој не ми кажуваше ништо и јас не го прашував ништо. Но, тој нежно ме гледаше и нежно се однесуваше кон мене, дури и во јавноста, па дури и пред други млади жени. Мислам дека ја ценеше мојата приврзаност. Тој им кажа на своите пријатели дека сум била многу мила, и дека му се допаѓала мојата мајчинска страна. Што се однесува до мене, тој ме трогнуваше .
П.М. Дали се среќававате често?
Н.К. Првите пет години одев во Монако отприлика еднаш месечно ... Понекогаш тој ме водеше со него на официјални настани, како што се Светските музички награди или тениски турнири ...
П.М. Дали се запознавте со неговиот татко, принцот Рение?
Н.К. Да. На една вечера со околу дваесетина гости, Алберт ми кажа дека не можеме да бидеме таму заедно, бидејќи татко му требаше да биде таму. Попладнето, тој индиректно на најубав начин ми ја изрази својата љубов, велејќи му на својот пријател пред сите „Грижи се добро за Никол. Таа ми е многу драга.“ И ме бакна ...
П.М. Што ви кажа тој за разговорот со татко му?
Н.К. Зборувавме за тоа следниот ден. Ми беше чуден. Се загрижив. „Размислував“, рече тој. „Мислам дека е подобро ако останеме пријатели“.
П.M. Како реагиравте?
Н.К. ... Плачев. Му телефонирав за да дознаам дали навистина е готово. „Да беше на моето место, што ќе направеше? “ Тој одговори: „Ќе чекав. Не за долго, но ќе почекав ... “
П.М. Се добива чувство дека дискусијата на Алберт со татко му била пресвртница во вашата врска.
Н.К. Тоа е точно, односите се влошија по тоа. Во исто време, сепак, се чинеше како тој да се плаши да донесе одлука; се двоумеше, правејќи еден чекор напред и два чекори назад ...
... Алберт не е некој што ги изразува своите чувства или што се расправа. Тој има добра смисла за хумор. Имав впечаток дека тој се уште има чувства. Се гледавме и понатаму со повеќе или помалку истата фреквенција, но пократко, еден ден наместо три. Имав впечаток дека тој се плашеше да не се врзе премногу. Во декември 2002 година сакав да го прославиме мојот.... роденден заедно. Тој предложи да дојдам во Монако ... излеговме на пијалок. Имаше многу млади жени кои се врткаа околу него, и му кажав дека тоа не ми се допаѓа. По враќањето во станот, станавме љубовници повторно, нешто што јас не го сакав таа ноќ. Вечерта ме беше изнервирала.
П.М. Дали тогаш забременивте?
Н.К. Да. Ниту тој, ниту јас тоа го бевме планирале. Јас користев заштита ... Кога го видов Алберт на 11 декември градите ме болеа. Му реков: „Ако сум бремена, што ќе правиме?“ Тој одговори: „Ако си бремена, мора да го задржиш. Тој тоа го рече од срце. Тој веднаш почна да размислува за машки имиња, а јас барав женски имиња, бидејќи јас веќе имав два сина. Тој рече: „Се обидувам да смислам машко име - само машки деца знаеш да правиш“ ...!
...
Набрзо потоа, имав позитивен тест за бременост ... Сакав тој да донесе одлука многу брзо ... Бев свесна за она што дете претставуваше за Алберт, со оглед на неговата позиција. Според мене, тој требаше да одлучи ... Тој ми рече: „Задржи го. Јас ќе се грижам за нештата. Ништо нема да ви недостасува. Не ти ветувам дека ќе се оженам за тебе, но задржи го и не грижи се: Јас ќе го внесам во семејството малку по малку. Сега за сега, ова нека остане меѓу нас. Единствената личност на која морам да и кажам тоа е мојот советник и пријател од детството, кој добро го знаеш.
П.М. Дали тој ве контактираше во текот на бременоста?
Н.К. Од време на време. Ми зборуваше многу љубезно. Потоа еден ден тој дојде да ме види во Париз со својот советник ... Бев три месеци бремена. Тој изгледаше како да се премислил, но што се однесуваше до мене веќе беше премногу доцна. Советникот ми рече: „Дали сте свесни дека ако е машко, тие ќе го искористат тоа за да се спречи Алберт да стане престолонаследник, а детето ќе може да се повика на своето право на престолот. Бев изненадена што тој навлегува во нешта кои за мене беа само детали. Јас дури и не размислував за овие прашања ... за мене е јасно дека дете родено надвор од брак не може да стане престолонаследник.
П.М. Што се случи следно?
Н.К. Дознав дека ќе имам син. Бев многу загрижена ... Го прашав дали тоа што ќе биде машко ќе ги усложни нештата ... „Не, не повеќе одошто кога би било девојче.“ Тој ја стави раката на мојот стомак и повторно разговаравме за имиња ...
...
Кога бев бремена пет и пол месеци, му се јавив. Тој не се однесуваше како обично со мене, разбрав дека нешто се случило и дека сака да стави крај на врската. Тој рече: „Размислив за ова. Прашав за совет. Детето е невозможно “.
...
Отидов да видам адвокат, кој го предупреди адвокатот на Алберт. Алберт ми се јави веднаш, и беше многу вознемирен: „Ти ми постави стапица ...“ Тој зборуваше со мене како да му направиле лоботомија. Бев осум месеци бремена, а забременив шест години по нашата прва средба. Имав толку многу можности да забременам пред тоа.
П.М. Како беше раѓањето?
Н.К. 24 август 2003 година не е најсреќниот ден во мојот живот. Бев многу сама. На денот кога излегов од болница, имав посета од страна на француска лабораторија, акредитирана од страна на Швајцарскиот Институт за судска медицина, за да земат ДНК примерок од мојот син. Тоа беше организирано од страна на неговиот советник.
...
Моите две постари деца се уште не знаеа кој беше таткото на нивниот помал брат ... Александар спиеше во мојата спална соба, во лулка ... Тој имаше астма и беше хоспитализиран шест недели ... Морав да се справам со тоа самата, немав кому да се доверам.
...
П.М. Кога тој го виде Александар за прв пат?
Н.К. Два и пол месеци по неговото раѓање ... најважното нешто за мене беше Александар да биде признат од татко му. Не стануваше збор за тоа моето дете да нема татко. Тоа така и им го кажав. За мене, непризнавањето ќе беше единствената основа за покренување постапка на судот. Алберт беше должен да ги организираат работите за тоа мало бебе да има повеќе или помалку нормален живот, иако, на самиот почеток, требаше да го криеме. Но, јас не сакав тој да порасне како Мазарен (Mazarin), на пример. Јас мислев само на тоа, и во ниту еден миг не мислев на тоа дека тој претставува потенцијален наследник. За тоа време, Алберт ми плаќаше одредена сума на секои три месеци која сеуште ја добивам.
П.М. Што се случи потоа?
Н.К. Со оглед на тоа што јас навистина не му верував на мојот адвокат повеќе, јас стапив во контакт со друг, кому му објаснив дека единственото нешто што е важно за мене беше Алберт да го признае својот син. Според мене, непризнавањето на дете е еднакво на одрекување на неговите корени ...
...
П.М. Дали Алберт сфаќаше колку важно беше за вас тој да го признае ова дете?
Н.К. Конечно, да, на моја голема радост: на 15 декември 2003 година тој се организираше за да се сретне со мене во нотарска канцеларја, со неговиот советник ...
П.М. Што се случи за време на состанокот во канцеларијата на нотарот?
Н.К. Алберт го потпиша документот за признавање на татковство. Тој го стори тоа од почит кон мене, пришто даде упатство дека овој документ не треба да се транскрибира во матичната книга се до смртта на неговиот татко.
П.М. Дали имате копија од овој документ на признавање на татковство?
Н.К. Не ми дадоа никакви документи, единствено го имам регистарскиот број на документот. Му побарав на нотарот неколку пати потврда дека тој има документ за мојот син. Ми одговараше „Подоцна“. По погребот на Рение повторно го контактирав нотарот барајќи да ја испочитува заложбата на Алберт, и официјалното признавање на татковството на нашиот син да се внесе во матичната книга на родените. Повторно, нотарот ми кажа дека тоа може да почека ... Јас повторно побарав копија на документот. Тој одби ...
П.М. Што е со вашиот стан? Дали конечно се преселивте?
Н.К. ... Најдов куќа во април 2004 година, и во моментов се уште има градежни работи во неа .
П.М. Кому му припаѓа куќата?
Н.К. На фирма за имотни инвестици (SCI). 50% од акциите се на името на Александар ...
П.М. Какви контакти сте имале со Алберт по средбата со него во канцеларијата на нотарот за потпишувањето на документот за признавање на вашиот син?
Н.К. Сакав да го гледа својот син редовно, и исто така да се јавува за новости за него. Тој тоа го правеше ... За време на една од неговите посети, реков „Тоа што имаме дете, не значи дека сè мора да заврши меѓу нас“. Тој одговори: „Во моментов, претпочитам да ставиме крај, бидејќи ако продолжиме ќе завршиме со второ дете!
...
П.М. Зошто се одлучивте да зборувате?
Н.К. Јас веќе ви дадов неколку причини. Сакам Александар да расте нормално, со татко. Сакам лагите да запрат. Од моја страна, доста ми е од лажење, криење и изигрување љубовница на неговите пријатели. Заради ова молчење, јас повеќе немам свој идентитет и живеам речиси како одметник. Се плашам за психичкото здравје на мојот син. Би сакала да го крстам што е можно побрзо, со соодветен извод од матчна книга на родени. Покрај тоа, слушам дека се шират гласини за ова дете, и сакам да се утврди вистината за неговите двајца постари браќа да имаат подостоинствена слика за нивната мајка.
... “
15. Интервјуто било илустрирано со пет фотографии на Принцот со детето и три од Принцот со г-ѓа Кост. Особено, на две страници (страниците 50 и 51) имало една фотографија од Принцот како го држи детето во раце, со наслов „Александар ‘е син на Алберт’ вели неговата мајка“, проследена со следниот текст:
„Мало момченце кое знае како да каже само два збора: тато и мама. Малечко момче кое не се чини вознемирено заради огромниот јаз меѓу двете култури од кои потекнува. Неговото име е Александар, име на освојувачот, име на императорот. Роден е во Париз на 24 август 2003 година. Мајка му бара тој да не расте тајно „како Мазарен“. Од таа причина, таа сега го обелоденува неговото постоење, што не претставува закана за ниту една република ниту династија. Затоа што во Того, земјата на мајчиното семејство, сите деца, без разлика дали се родени во брак или вонбрачно, имаат право на официјален татко. Сега за сега, момчето со црни кадрици не е заинтересирано да знае дали тој е принц или не. Мајка му едноставно треба да се наведне кон него и тој е среќен. Веќе има крал во куќата ... тој. “
Фотографијата, исто така, беше придруженаод следните наслови:
„ Досега не се знаеше дека 47-годишниот нов владетел на Монако имал долга врска. Денес Никол Кост, стујардеса со која се сретнал пред осум години, тврди дека тие имаат син.“
„Тој никогаш не е виден толку насмеан претходно: Принцот Алберт подлегна на шармот на Александар“.
16. Четири фотографии на принцот како го држи детето во раце биле објавени на страниците 52, 53, 56 и 57, и биле придружени со легенди и / или поднаслови. Особено, легендата на страница 52 вели: „Благост, нежност и трпение, клучни зборови за Принц кој сака деца“, а на страница 53, „Принцот отсекогаш имал слабост за деца“ и „Алберт, претседател на Олимпискиот комитетна Монако, облечен во маица од Олимписките игри, со Александар во рацете“. Следниов под-наслов се појави на страниците 56 и 57: „Александар на 6 месеци. Тој веќе се обидува да стои. Ова е една од неговите првите средби со Алберт. Тој спие во спалната соба на мајка му. Никол и нејзините три сина веќе се преселија во стан во 16-тиот арондисман на Париз.“
И на крај, три фотографии од принцот со г-ѓа Кост биле објавени на страниците 58 и 59. Фотографијата на страницата 58 била проследена со следнава легенда:
„Тие се сретнаа на лет Ница Париз, Никол беше стујардеса. Таа го напушти Ломе, во Того, осум години претходно, на возраст од 17 години. „Во мојата земја, татко би го натерал својот син да го признае своето дете.“
Фотографиите на страница 59 години го имале седниот поднаслов:
„Никол, исто така, присуствувала на официјални настани. Во мај 2001 година таа беше на десната страна на принцот кога тој го пречекуваше пејачот Јаник на музичките награди на Монте Карло. Во 2002 година (лево), таа може да се види во Кралската ложа на трката за Главната награда. "
17. На 10 мај 2005 година г-ѓа Кост изготвила потврда во која било наведено дека таа се согласила да даде интервју за Пари мач, за изданието од 5 мај 2005 година, дека внимателно го препрочитала напишаното, и дека самата ги дала фотографиите кои го покажуваат принцот со Александар. Таа наведувала дека самата ги сликала тие фотографии, и дека таа ги сликала со целосна согласност на принцот. Таа изготвила уште една потврда дека ги дала овие фотографии на медиумите за објавување бесплатно. Таа додала дека нејзиниот син бил признат пред нотар, дека нотарскиот акт бил потпишан на 15 декември 2003 година и дека било договорено на тој датум дека актот ќе биде испратен во општината на 14-тиот арондисман на Париз, веднаш по смртта на принцот Рение. Таа тврдела дека се обидела, на сите можни начини, да најде компромис со адвокатот на принцот, и дека тоашто принцот не го испочитувал своето обврзување ја поттикнал да го обелодени случајот пред јавноста. Во однос на медиумите, таа изјавила: „тие само ни помогнаа на мене и на мојот син Александар официјално да биде признат“.
Б. Постапката пред француските судови
18.На 19 мај 2005,сметајќи дека објавувањето на статијата во Пари мач претставувало мешање во неговото право на приватен живот и во заштитата на неговата сопствена слика, Принцот покренал постапка против жалителките, во рамките на постапка со фиксна дата, врз основа на членот 8 од Конвенцијата и членовите 9 и 1382 од Граѓанскиот законик, барајќи отштета од издавачката куќа и таа да ја објави пресудата што судот ќе ја донесе на насловната страница на списанието, и побарал одлуката на судот веднаш да биде извршна.l
19. На 29 јуни 2005 година Основниот суд од Нантер (Tribunal de grande instance „TGI“) и наредил на фирмата Ашет Филипаки Соработници да му плати на Принцот 50 000 евра (ЕУР) за нематеријална штета. Тој исто така наредил пресудата да биде отпечатена на целата насловна страница на списанието, на трошок на на фирмата во спротивно на што таа ќе плати казна, под наслов „Судска пресуда против Пари мач на барање на принцот Алберт Втори од Монако “. Пресудата веднаш станала извршна.
20. Основниот суд истакнал, особено, дека уште на насловната страница, списанието го обелоденувало вонбрачното татковство на Принцот со наслов „Алберт од Монако: Александар, тајното дете“, заедно со фотографија покажувајќи го како го држи детето. Тој исто така, истакнал дека статијата се занимавала со прашањето на татковството на Принцот на десет страници во списанието, во интервју во кое прашањата ја навеле г-ѓа Кост да раскаже за нејзината врска со Принцот, за чувствата на двојката, за приватниот живот и реакциите на Принцот и за признавање на детето пред нотар. Тој истакнал дека списанието намерно избрало бројни фотографии, снимени во контекст на интимноста од приватниот живот на засегнатите, за да ги илустрира и поткрепи обелоденетите информации, и дека овие фотографии биле придружени со поднаслови и објаснувања дадени од списанието, кои исто така се однесувале на љубовниот живот на Принцот и на околностите во кои тој се сретнал со интервјуираната, анализирајќи го неговото однесување и неговите реакции кон младата жена и детето, и шпекулирајќи за неговите чувства во однос кон ова тајно дете.
21. Основниот суд сметал дека целата статија, вклучувајќи ги и придружните фотографии, се однесувале на најинтимната сфера на љубовта и семејниот живот, и дека не засегала дебата од општ интерес. Тој додал:
„... Пристапување на барателот на кралскиот престол на Монако не го лишувало него од правото на почитување на неговиот приватен живот, ниту пак на неговото право на заштита на неговата сопствена слика, наспроти обични гласини за граѓанскиот статус на дете што не може во никој случај да послужат како легитимен изговор за информирање на индискретна публика љубопитна за живжотот на јавните личности, нивните чувства и нивните приватни однесувања, со цел да се даде медиумско покривање во колумните на списание кое не може сериозно да тврди дека може да ја замени судницата, каде што правата на децата законски се бранат, без да е тоа во спротивност со оние на жените;
Оспорениот напис, кој третира гласини на сензационалистички начин, како со неговиот текст, така и со приложените снимки кои се целосно ирелевантни со тоа што придонесуваат за оспорената повреда на приватниот живот, претставува сериозно и намерно кршење на основните права на личноста на тужителот, кој експлицитно беше испратил официјална опомена со вонсудска постапка до издавачката куќа истите права да ги почитува на 3 мај 2005 ... “
22. Жалителките ја обжалиле пресудата.
23. Во соопштение за печатот на 6 јули 2005 година, Принцот јавно признал дека тој е таткото на Александар.
24. На 13 јули 2005 година, Апелациониот суд од Версај го суспендирал непосредното извршување на пресудата на основниот суд во врска со одлуката да се објави пресудата на судот.
25. На 24 ноември 2005 година, Апелациониот суд од Версај донел пресуда. Тој истакнал дека, преку интервјуто со г-ѓа Кост, спорната статија се фокусирала на обелоденување на раѓањето на детето, кое било претставено како да било плод на интимната врска меѓу интервјуираната и принцот која траела уште од 1997 година. Тој, исто така, истакнал дека иако последниов можеби веќе имал изготвено изјава за признавање на детето во канцеларија на нотар - односно, во намерно избрани услови на доверливост - во времето кога статијата била објавена, податоците од оваа изјава не биле внесени во изводот од матичната книга на родените на детето, со тоа што неговото раѓање и идентитетот на неговиот татко останале непознати за јавноста.
26. Апелациониот суд, исто така, навел дека наклонетоста на едно лице, неговио љубовен или семеен живот и прашањата на татковство и мајчинство се однесувале на сферата на приватниот живот и биле заштитени со членот 9 од Граѓанскиот законик и членот 8 од Конвенцијата, и дека овие одредби не правеле разлика меѓу непознати лица и јавни личности, без оглед на нивните граѓански, политички или верски функции. Тој, меѓутоа, истакнал дека ова начело дозволувало исклучок кога обелоденетите факти можеле да покренат дебата поради нивното потенцијално влијание или последиците што тие можеле да ги имаат во однос на статусот или функцијата на засегнатите лица, во кој случај должноста да се информира имала предност наспроти почитувањето на приватниот живот
27. Тој го дал следното образложение:
„Со оглед на тоа дека татковството на Алберт Грималди никогаш не било јавно признато, дека Уставот на Монако ја исклучува можноста дете родено надвор од бракот да стане престолонаследник и дека Алберт Грималди не се согласил со објавувањето на веста за неговото можно татковство на детето на г-ѓа Кост и на 3 мај 2005 година официјално ја известил издавачката куќа Ашет Филипаки Соработници дека е против објавувањето на тие факти, следува дека фирмата Ашет Филипаки Соработници намерно ги повредила одредбите од член 9 од Граѓанскиот законик и член 8 од Европската конвенција за човекови права, без да биде во можност да ја оправда оваа повреда со непостоењето на критериуми во врска со известувањет за актуелноста, со легитимноста на информациите или правото на информации на читателите, во чии рамки не спаѓало тајното татковство на Алберт Грималди, дури и ако тој, во меѓувреме, по смртта на татко му во април 2005 г., станал актуелниот кнез на Кнежевството.
Ова мешање во неговата приватна сфера, пришто статијата не го обелоденувала само постоењето на „тајно“ дете, туку, исто така, содржела бројни дигресии кои произлегувале од признанијата на ѓа Кост во врска со околностите на нивното запознавање, со чувствата засегнатиот, неговите најинтимни реакции во одговор на веста за бременоста на г-ѓа Кост и неговото однесување кон детето во текот на средбите во интимноста на станот, не може да се оправда ниту со истовременото објавувањето на овие факти во списанието Бунте ниту со медиумското влијание предизвикано од содржината на статијата, ниту пак со тоа дека и други публикации потоа ги преземале овие факти (што станале општо познати по вина на издавачката куќа), ниту со наводната легитимност на таквото обелоденување, со оглед на тоа дека детето немало никаков официјален статус којшто би направил неговото раѓање и откривањето на идентитетот на таткото да бидат тема што медиумите и посебно фирмата Ашет Филипаки Соработници требало, во рамките на својата должност на обезбедување информации, да ја обелоденат на јавноста, ниту со фактот дека Алберт Грималди, соочен - против неговата волја - со медиумското влијание на објавувањето на информации за неговиот приватен живот што тој имал намера да останат тајни, ако не и доверливи, бил принуден да обезбеди јавно објаснување, ниту со тонот на статијата, која, како што тоа Ашет Филипаки Соработници нерелвантно го прецизира, имал за цел да го покаже засегнатиот во особено позитивно светло .
Иако фотографиите кои го покажуваат детето со засегнатиот кои ја придружуваат статијата биле сликани од страна на г-ѓа Кост со согласноста на Алберт Грималди, и иако г-ѓа Кост, единственото лице кое има родителска одговорност за детето, ги дала истите на Пари мач за објавување, останува тоа дека Алберт Грималди не се сложил со нивното објавувањето во поддршка на статија која претставува нарушување на неговиот приватен живот, со што нивното објавување претставува повреда ... “
28. Апелациониот суд заклучил дека објавувањето во прашање му нанело непоправлива штета на Принцот во тоа што неговото татковство, што тој сакал да го чува во тајност и кое останало тајно од раѓање на детето до објавувањето на спорната статија, одеднаш, и против неговата волја, било обелоденето на јавноста. Тој сметал дека нематеријалната штета што така била нанесена го оправдувала наложеното објавување на пресудата на судот како дополнително обештетување, и дека, со оглед на природата на повредата и сериозноста на нејзнините последици, таквата мерка не била непропорционална со конкурентските интереси кои биле вклучени и, напротив, го претставувала најсоодветното обештетување во конкретните околности на случајот. Поради тоа, тој ја потврдил обжалената пресуда, освен во однос на условите на објавувањето на одлуката на судот, која веќе не требала да биде насловена и требало да заземе само една третина од насловната. Оттука, Апелациониот суд наредил долната третина од насловната страница на првото издание на Пари мач кое требало да се објави во текот на осум дена по доставата на пресудата требало да прикаже бела подлога содржејќи го следниот текст, отпечатен со црвени букви, во спротивно на што фирмата жалител ќе се казнела со парична казна од 15.000 евра по прашање по истекот на тој рок:
„Со пресудата на Апелациониот суд од Версај, потврдувајќи ја пресудата на Основниот суд од Нантер, фирмата Ашет Филипак Соработници била осудена за кршење на правото на приватност и правото на сопствена слика на Алберт Втори од Монако во изданието бр. 2920 на списанието Пари мач, од 5 мај 2005 година, во една статија под наслов „Алберт од Монако: Александар. Тајното дете “.
29. Ова соппштетние било објавено на насловната страница на изданието бр. 2955 на списанието, од 5 јануари 2006 година, под фотографијата на принцот. Насловот на насловната страница бил „Алберт од Монако. Вистината е казнета“, и бил придружен со следниве коментари:
„Пари мач го откри постоењето на неговиот син, Александар. Судот ја казни слободата на информирање. Меѓународниот печат реагира и нè подржува. “
30. Покрај тоа, жалителките поднеле жалба до Касациониот суд за поништување на пресудата на Апелациониот суд. Во нивните основи за жалба, тие ги предочиле следниве аргументи: откривањето на татковството на суверен Принц кој е на престолот претставувало актуелен настан во врска со јавниот живот со оглед на функциите на засегнатиот и на наследната природа на пренесувањето на власта во Кнежевството Монако; обелоденувањето на оваа информација била неопходна за да се информира јавноста; објавувањето на коментари и дигресии што го придружувале објавувањето на актуелен настан како што е татковството на суверен принц било дозволено, под услов тие да се безопасни и само да ја ставaат информацијата во контекст; и објавувањето на фотографиите снимени во рамките на семејството кои го илустрирале актуелниот настан опишан во статијата не било од таков вид да претставува повреда на почитувањето на приватноста и приватниот живот.
31. Повикувајќи се на членот 10 од Конвенцијата и цитирајќи ја судската пракса на Судот, жалителките исто така тврделе дека јавноста имала право да биде информирана, и дека ова право се протегало и на информациите во врска со приватниот живот на некои јавни личности. Тие сметале, особено, дека одлуката на Судот во случајот Von Hannover v. Germany (бр. 59320/00, §§ 62 and 76, ЕСЧП 2004‑VI) ќе била обратна доколку засегнатиот член на кралското семејство беше бил, како во овој случај, самиот Принц, шефот на државата Монако. Во прилог на овој аргумент, тие го навеле случајот Krone Verlag GmbH & Co. KG v. Austria (бр. 34315/96, 26 февруари 2002), кој, тие тврделе, покажал дека својството на бидување политичар го внесувало поединецот кој го имал тоа својство во сферата на јавниот живот, со придружните последици. Тие понатаму тврделе дека Касациониот суд, исто така, го признал правото на јавноста да биде информирана, вклучително и во однос на факти во врска со приватниот живот, дури и кога засегнатото лице не вршело јавна функција. И на крај, тие тврделе дека приматот на правото на информирање и правото да се биде информиран бил воспоставено во слични околности, дури и кога правото на лицето на сопствената слика било во прашање.
32. Жалителките тврделе, особено, дека во една наследна монархија, непостоењето на познати наследници на Принцот веќе било предмет на дебата, и дека постоењето на дете придонесувало кон дебатата. Тие исто така тврделе дека детето било потенцијален наследник на престолот на Монако, бидејќи неговиот татко можел да го легитимира во кое било време. Тие сметале дека, иако неверојатно, ова сценарио останувало правно возможно, а со тоа можело да стане предмет на општа дебата за иднината на монархијата на Монако, и дека, исто така, тоа што детето имало потекло од Того можело да придонесе за дебата од општ интерес која имала потенцијал да го промени имиџот на особено конзервативно кнежевство.
33. Жалителките, исто така, ги истакнале многу силните врски кои, како што тврделе, го врзувале Монако за Франција. Тие понатаму тврделе дека во светскиот оддек на спорните информации, вклучително и во повеќето сериозни и најпрестижни весници, покажал дека информациите обелоденети од страна на Пари мач имале својство да придонесат кон дебатата од општ интерес и дека не се работело само за чисто забавна статија.
34. Тие понатаму тврделе дека фотографиите во прилог на статијата, покажувајќи на Принцот со детето или со г-ѓа Кост, илустрирале актуелен настан, и дека тие не претставувале повреда на почитувањето на човековото достоинство, со оглед на тоа дека Принцот бил прикажан во позитивно светло. Тие тврделе дека овие фотографии не биле сликани без знаење на Принцот, туку од страна на самата г-ѓа Кост, и навеле дека таа ги дала на Пари мач за објавување, доброволно и без надомест.
35. И на крај, тие истакнале дека списанието Бунте објавило речиси идентична статија во Германија, на 4 мај 2005 година, пред објавувањето на спорната статија, и дека германските судови го отфрлиле барањето на Принцот за покренување постапка против весникот.
36. Со пресуда од 27 февруари 2007 година, Касациониот суд ја одбил жалбата за поништување на пресудата, меѓу другото, врз следниве основи:
„... Секој човек, без оглед на рангот, раѓањето, богатството, сегашните или идните функции, има право на почитување на неговиот приватен живот; (...) Пресудата истакнува, од една страна дека, на датумот на објавувањето на написот, постоењето на детето и неговото сродство биле непознати за јавноста, и од друга страна, дека Уставот на Кнежевството ја исклучува можноста тој да може да стане престолонаследник, со оглед на тоа дека е роден надвор од брак, ситуација за која, освен тоа, фирмата во својата одбрана не тврдела дека била предмет на дебата во француското или моначкото општество или, пак, на разгледување во оспореното издание, и, на крајот, [дека] статијата содржела бројни дигресии за околностите во кои г-ѓа Кост и принцот Алберт се запознале и за нивната врска, за реакциите на Принцот на веста за бременоста и неговото последователно однесување спрема детето; (...) Во светло на овие наоди и размислувања, Апелациониот суд правилно го истакнал отсуството на каква и да е актуелна вест или на каква и да е дебата за прашање од јавен интерес кои би го оправдале известувањето за ова во времето на излегувањето на спорното издание врз основа на легитимното информирање на јавноста (...) Покрај тоа, објавувањето на фотографии на лице за да се илустрираат содржини кои претставуваат повреда на неговиот приватен живот нужно го повредува неговото право на почитување на сопствената слика (...) “
В. Постапката пред германските судови
37. На 12 мај 2005 година, по објавувањето на првичниот напис на 4 мај 2005 (видете став 11 погоре), неделникот Бунте објавил уште една статија за откривањето на татковството на принцот, овој пат придружена со неколку фотографии кои го покажуваат Принцот и детето.
38. Принцот поднел барање за времена мерка против списанието, со цел да се спречи какво било понатамошно објавување, но барањето било одбиено на 19 јули 2005 година со пресудата на Регионалниот суд од Фрајбург (Landgericht), потврдено на 18 ноември 2005 година од страна на Апелациониот суд од Карлсруе (Oberlandesgericht).
39. Регионалниот суд од Фрајбург забележал, особено, дека, како важна личност на современото општество par excellence, Принцот требало да го толерира оспореното нарушување на неговиот приватен живот, со оглед на вредноста на информациите на репортажата. Тој забележал дека точноста на информациите објавени од страна на списанието во врска со изјавите на мајката на детето и на татковството на подносителот на барањето не била оспорена конкретно во однос на која и да е точка. Тој сметал дека објавувањето не било неприфатливо од аспект на заштитата на интимната сфера на една личност, бидејќи обелоденувањата не се однесувале на таа сфера, туку на онаа на приватниот живот, која била помалку заштитена. Тој оценил дека правото на јавноста да биде информирана резултирало од позицијата на тужителот во општеството, и дека притисокот што тој можеби го претрпел како резултат на овие обелоденувања, кој имал за цел да го натера да го признае своето дете, не го забранувал објавувањето, туку бил само неизбежна последица на тоа што тој требало да ја трпи. Тој истакнал дека објавените фотографии биле снимени со согласност на тужителот, во неговата приватна сфера, и биле ставени на располагање на медиумите од страна на лице кое има исто толку право тоа да го стори како и тужителот. Тој утврдил дека заштитата на приватната сфера на тужителот и неговото право на сопствената слика правела отстапка пред слободата на печатот поради важноста на пренесувањето на информации на јавноста во врска со вонбрачниот син на засегнатиот и со мајката на детето. И на крај, тој сметал дека мајката, а не принцот, кој не го признал детето, требала да одлучи дали откривањето на постоењето на истото спаѓало во рамките на заштитената приватна сфера.
40. По жалбата од страна на Принцот, Апелациониот суд му наредил на списанието да не ја објавува или да дозволи да се објави фотографија која се појавила во изданието на Бунте од 4 мај 2005 година, покажувајќи го засегнатиот во момент на интимност со г-ѓа Кост. Од друга страна, тој оценил дека прашањето за постоењето на машко потомство на принцот од Монако - уставна наследна монархија - било од голема важност, и дека постојниот интерес за ова прашање, не само на жителите на Монако, туку, исто така, на многу луѓе кои живееле надвор од Кнежевството, заслужувал да биде заштитен, и не требало да биде засенет од интересот на тужителот да обезбеди заштита на неговата приватна сфера, врз основа на тоа дека сегашната законска ситуација им дозволува само на легитимните деца да бидат престолонаследници.
...
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 10 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
41. Жалителките се жалеле дека пресудата против нив соодветствувала на неоправдано мешање во остварувањето на нивното право на слобода на информации. Тие се повикале на членот 10 од Конвенцијата, кој гласи:
„1. Секој има право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите да бараат лиценци за радиодифузија, телевизиски пренос и кината.
2. Остварувањето на овие слободи, бидејќи со себе носи и одговорност, може да се подложи на формалности, услови, рестрикции или казни определени со закон и неопходни во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната сигурност, за заштита од немири или кривично дело, на здравјето или моралот, репутацијата или правата на другите, за заштита од откривање на доверливи информации или за одржување на авторитетот и непристрасноста на правосудството“
A. Пресудата на судскиот совет
42. Судскиот совет истакнал дека пресудата против жалителките не правела разлика меѓу информациите кои биле дел од дебата за прашања од јавен интерес и оние што единствено се однесувале на детали од приватниот живот на Принцот. Соодветно на тоа, и покрај просторот за слободна проценка оставен на државите во оваа област, тој оценил дека не постоел разумен однос на пропорционалност помеѓу, од една страна, ограничувањата наметнати од страна на судовите врз правото на жалителките на слобода на изразување и, од друга страна, легитимната цел. Заради тоа, тој заклучил дека имало повреда на членот 10 од Конвенцијата (Пресуда на судскиот совет, §§ 51 до 75).
Б.Поднесоци на странките до Големиот судски совет
1. Поднесоци на жалителките
43. Жалителките тврделе дека пресудата против неделен магазин за актуелности, заради тоа што објавил информации кои веќе биле објавени во други медиуми и заради тоа што ги илустрирал со поврзани фотографии, претставувало мешање во неговата слобода да пренесува информација од јавен интерес. Тие сметале дека оваа пресуда била исклучително сериозна и без преседан, и дека морала да се смета за прекумерно мешање во слободата на изразување и информирање, со јасно разубедувачки ефект.
44. Жалителките не оспориле дека мешањето во прашање имало законска основа, имено членот 9 од Граѓанскиот законик, ниту пак дека имало легитимна цел, имено: „заштита на правата на другите“ во однос на правото на Принцот на приватен живот и на сопствената слика. Сепак, тие изразиле резерва во однос на ова, и тврделе дека домашните судови го протолкувале на премногу широк начин концептот на приватен живот во смисла на членот 9 од Граѓанскиот законик и членот 8 од Конвенцијата.
45. Жалителките сметале дека правото на почитување на приватниот живот требало секако да се почитува, но дека тоа не било апсолутно, особено кога се судирало со правото на слобода на изразување и информирање, како и со правата на другите лица засегнати од публикацијата. Тие ги критикувале домашните судови заради неуспехот да најдат рамнотежа меѓу правата на Принцот наспроти други права кои, тие тврделе, имале еднаква вредност: правата на мајката, што тие ги сметале за не помалку легитимни во едно демократско општество; правото на детето да биде официјално признато; и правото на списанието за пренесување на информации од јавен интерес коишто веќе не биле доверливи на денот на објавувањето.
46. Жалителките, исто така, сметале дека оспорената одлука не успеала да направи никаква разлика меѓу обичните граѓани и јавните личности (a fortiori политичари и шефови на држави, кои биле неизбежно изложени на медиумскиот интерес), со што биле спротивни на судската пракса на Судот и тековната француска судска пракса. Во прилог на овој аргумент, тие тврделе дека судската пракса развиена од страна на домашните судови го признавала правото на јавноста на информации за факти во врска со приватниот живот, и тие навеле, како примери, неколку случаи во кои домашните судови ги донеле своите одлуки на таа основа.
47. Понатаму жалителките тврделе, во однос на неопходноста на оспореното мешање, дека секој исклучок во однос на основна слобода мора да се толкува рестриктивно, и дека, оттука, исклучоците во однос на слободата на изразување не смеат да доведат до несразмерна цензура. Тие навеле дека правото на почитување на приватниот живот не е апсолутно, и аргументирале дека одлуките на домашните судови во конкретниот случај не одговарале на неодложна општествена потреба, со оглед на тоа што судовите не ги избалансирале соодветно спротивставените права во прашање ниту ги земале предвид критериумите утврдени во судската практика на Судот.
48. Во врска со ова, тие тврделе, меѓу другото, дека, во систем на наследна монархија, информациите за постоење на наследник роден надвор од бракот, кој сè уште не бил официјално признат од страна на таткото, било прашање од јавен интерес како во однос на иднината на монархијата така и на ставот на Принцот, јавна личноcт. Прашањето за татковството било битно не само за граѓанскиот статус на Принцот - не е неважно да се знае дали тој е или не е татко и дали го признал или не своето вонбрачно дете - туку и за редот на наследници, па дури и на можни наследници на тронот, со оглед на наследната природа на монархијата во Монако и во отсуство, во тоа време, на познат наследник. Жалителките нагласиле во врска со ова дека одредбите од Уставот на Монако биле изменети непосредно пред смртта на принцот Рение и дека не било исклучено да има дополнителни измени. Информацијата во прашање, исто така, била од таков вид да им даде дополнителни согледувања на поданиците на принцот во врска со неговото етичко однесување и неговиот лично почитување на основните права на кои тој се повикува за самиот себеси и за кои тој се залага јавно и политички.
49. Жалителките, исто така, тврделе дека Принцот употребил јавни ресурси, од кои некои биле наменети за обезбедување на иднината и едукацијата на неговиот син, кое прашање директно ги засегало Монако и француските даночни обврзници. Тие, исто така, навеле дека германските судови, повикани да одлучуваат за многу сличен спор, оцениле дека објавувањето на информацијата во прашање била оправдана со дебата за прашање од јавен интерес. Тие понатаму изјавиле дека пренесувањето на веста на јавноста било дотолку полегитимно што Принцот конечно го признал својот син, во контекст на медиумската операција од големи размери. Тие додале дека со произнесувањето за прашањето на наследување на престолот, тој признал веста во прашање е од јавен интерес.
50. Жалителките понатаму изјавиле дека Принцот, шеф на моначката држава, е несомнено позната личност. Што се однесува до содржината на репортажата, тие сметале дека таа ја надминувала сферата на приватниот живот на Принцот, и се однесувала исто и на приватниот живот на мајката на детето, која била слободна да се изрази, и онаа на детето, кое имало право официјално да биде признаено. Во врска со ова, тие изјавиле дека во едно демократско општество желбите на една личност, па макар и да е приц, не можат, во едно демократско општество, да доделат привилегии од таков вид за да можат да ги попречат правата на другите засегнати лица и, особено, да го „попречат барањето на неговиот син да го потврди своето постоење и да му се признае идентитетот“.
51. Жалителките понатаму истакнале дека дека не било спорно дека написот содржел информации и фотографии обезбедени од страна на мајката на детето, која самата стапила во контакт со Пари мач со цел да добие официјално признавање на нејзиниот син. Тие тврделе дека спорните фотографии биле сите направени во стан, со целосна согласност на Принцот, и тие сметале дека тие не содржеле интимни детали или негативно прикажување на кој и да е од протагонистите. Тие навеле дека фотографиите кои го покажуваат Принцот во друштво на г-ѓа Кост биле снимени во контекст на официјални настани, па списанието не можело да биде критикувано заради тоа што ги објавило. Списанието само ги објавило фотографиите дадени од страна на мајката на детето, со цел особено да се поткрепат нејзините изјави. Покрај тоа, ниту вистинитоста на објавените информации, ниту околностите во кои на списанието му биле дадени информацијата и придружните фотографии не биле оспорени. Оттука, Основниот суд од Нант не бил во право кога ги опишал информациите, како „обични гласини“.
52. Жалителките, исто така, тврделе дека принципот на слободен избор на начинот на пренесување на информациите - последица на слободата на информации - не можел да се оспори без притоа да се испразни слободата од нејзината суштина. Во врска со тоа, тие навеле дека биле слободни да ја илустрираат спорната статија со соодветни фотографии. Тоа било случај со објавените фотографии. Во однос на последиците од статијата, жалителките одрекле дека таа можела да открие нешто што не било веќе откриено на јавноста од страна на британскиот, американскиот, германскиот и францускиот печат и аудио-визуелните медиуми и интернетот. Поради тоа, тие побарале да се релативизира влијанието на статијата. Тие додале дека по оспореното објавување, Принцот официјално го признал татковството организирајќи притоа голема медиумска операција, и истовремено го признал постоењето на уште едно дете.
53. Жалителките, оттука, тврделе дека биле соочени со мешање во нивното право на слобода на изразување, кое, прво, не било „неопходно“, со оглед на тоа дека не соодветствувало со „итна општествена потреба“, и кое, второ, било непропорционалнао, во однос на своите последици, со бараната легитимна цел. Тие сметале дека само правото на Принцот на приватен живот било земено во предвид при оценувањето на наводната повреда и на нанесената штета. Покрај тоа, тие сметале дека наметнатите казни биле многу строги: според нив, објавувањето на судското соопштение било еднакво на одземање на списанието и на лишување од простор кој се користел за остварување на слободата на изразување, и имало тежина и опсег на јавен укор со цел да се дискредитира списанието.
54. И на крај, жалителките тврделе дека кога Апелациониот суд и Касациониот суд донеле одлука во врска со случајот, Принцот веќе го потврдил постоењето на вонбрачен син, со официјална изјава и бројни интервјуа за печатот. Тие ги критикувале домашните судови заради тоа што не го зеле предвид тој факт во оценувањето на степенот на наводната штета. Тие заклучиле дека изданието во прашање било очигледно легитимно и дека, оттука, немало разумен однос на пропорционалност помеѓу строгите судски пресуди против нив, заедно со вметнувањето на судското соопштение на насловната страница на списанието, и саканата цел.
2. Поднесоците на Владата
55. Резимирајќи ја судската пракса на Касациониот суд во однос на заштитата на приватниот живот, Владата тврдела, најпрво, дека личните или семејните односи на поединец или љубовниот живот, бременоста, болеста, хируршка операција, верските убедувања, домот и, исто така, правото на сопствената слика, спаѓале во рамките на приватниот живот. Тие, исто така, навеле дека само информациите кои се однесувале на правото на јавноста да биде информирана можеле да бидат откриени. Кога наводното мешање засега лица чиј живот или статус на јавни личности ги прават познати, судската пракса прави разлика врз основа на видот на информации во прашање.
56. Владата нагласила во тој поглед дека, иако Касациониот суд сметал дека „секој човек, без оглед на неговиот чин, раѓање, богатство или сегашни или идни функции, [има] право на почитување на неговиот приватен живот“, тој, сепак, исто така, го валидирал објавувањето на информации кои станале неопходни како предмет на јавна дебата.
57. Откако го изложила домашниот правен контекст, Владата не го оспорила тоа дека судската пресуда против жалителките претставувала мешање во остварувањето на нивното право на слобода на изразување. Тие, меѓутоа, тврделе дека тоа мешање било пропишано со закон - факт за којшто жалителките, како професионалци во областа на печатените медиуми, не можеле, според Владата, да не бидат свесни - и дека имало легитимна цел, имено заштита на правото на Принцот на приватност и на неговата сопствена слика.
58. Владата, исто така, тврдела дека домашните судови се усогласиле со судската пракса на Судот. Во врска со ова, тие тврделе дека спорните коментари требало да се испитаат во светлината на случајот како целина и земајќи ги предвид содржината на користените термини и контекстот во кој тие се впишувале. Осврнувајќи се на просторот за слободна проценка доделен на државите во оваа област, тие тврделе дека во областа на слободата на изразување, која подразбирала субјективен пристап, националните судови биле во најдобра позиција за да ги квалификуваат фактите на случајот, и дека супервизијата на Судот не можела се цели кон тоа да ја замени проценката на националните судови со нова. Во конкретниот случај, домашните судови направиле детална анализа и се обиделе да постигнат рамнотежа меѓу заштитата на приватниот живот и слободата на изразување. Оттука, ништо не би оправдало отстапување од оценката на Касациониот суд.
59. Пред Големиот судски совет, Владата исто така истакнала дека во оценувањето на околностите на случајот, не било неопходно да се земе предвид желбата на г-ѓа Кост за објавување на идентитетот на таткото на нејзиното дете, со цел нејзиното дете да биде признаено. Според неа, ако Пари мач сакал да ги користи интересите на г-ѓа Кост во својата одбрана, требало да ја повика да се појави во случајот пред домашните судови. Овој случај, оттука, се однесувал исклучиво на класичен конфликт помеѓу правата и интересите на орган на печатот, кој се повикувал на своето право на изразување, и оние на личност која била предмет на статија во списание и која се жали на повреда на нејзиното право на почитување на приватниот живот.
60. Владата смета дека, во овој случај, имало императивна неопходност да се заштити Принцот. Таа изјавила дека оспорената публикација не се однесувала на тема од јавен интерес. Таа признала дека одредени информации во врска со Принцот можеле да бидат објавени во јавност заради неговата функција, но сметала дека оспорените обелоденувања, настрана од тоа што биле особено интимни, во никој случај не влијаеле на организацијата на моначката држава.
61. Владата, исто така, сметала дека Судскиот совет погрешно го протолкувал концептот на придонес за дебата од јавен интерес, и го отворил патот за значителна правна несигурност. Во овој поглед, таа тврдела дека премногу широко толкување на овој концепт екстремно ќе го намали опсегот на принципот на Конвенцијата за заштита на приватниот и семејниот живот на јавните личности, а ќе го отвори патот за повторувањето на повредите на приватниот и семејниот живот и на правото на јавните личности на нивната сопствена слика, и тоа исклучиво за комерцијални цели.
62. Пред Големиот судски совет, таа тврдела дека Судот, во својата пресуда Von Hannover v. Germany (бр. 2) ([ГС], бр. 40660/08 и 60641/08, EСЧП 2012), прифатил особено широка дефиниција на концептот на дебата од јавен интерес. Како што тоа го нагласила, исто така, правната доктрина, оваа концепција означувала прекин со првата пресуда Von Hannover (цитирана погоре), и го отворала патот на објавувањето на фотографии и написи кои нанесувале повреда на приватниот живот на јавните личности, пришто само кусо упатување на дебата од јавен интерес станувало доволно за да се оправда таквото издание. Според мислењето на Владата, во случај на надвладување на ваквото толкување, концептот на дебата од јавен интерес, кој, според неа, имал за цел да се гарантира почитување на приватниот живот на јавните личности, ќе се претворел во празна школка.
63. Владата сметала дека тоа што Советот се произнел дека статијата содржела елементи кои се однесувале на приватниот, па дури и интимниот живот на Принцот требало да го натера Големиот судски совет да смета дека судската пресуда против жалителките била оправдана. Таа тврдела дека елементите од приватниот живот изнесени во написот требало да имаат предност и дека главната, ако не и екслузивната цел на изданието била да се задоволи љубопитноста на определена читателска публика во врска со деталите од приватниот живот на принцот.
64. Пред Големиот судски совет, таа, исто така, тврдела дека Советот погрешно сметал дека можното наследување на престолот на Кнежевството од страна на вонбрачен син било „суштинската порака на написот“: всушност, тој содржел само две напомени во однос на ова прашање, или осум реда од петстотини реда текст, кои покривале четири страници и биле придружени со шест страници фотографии, надополнувајќи ја фотографијата на насловната страница. Владата потврдила дека тоа што дека Принцот имал син роден надвор од бракот, кој немал официјален статус, не придонесувало за дебата од јавен интерес.
65. Признавајќи, понатаму, дека германските судови го одбиле барањето на Принцот кога тој покренал постапка против неделникот Бунте за статија слична со онаа објавена во Пари мач, владата тврдела дека државите потписнички имале различни традиции во областа на почитувањето од страна на медиумите на приватниот живот, особено во врска со приватниот живот на јавните личности. Така, таа навела, дека, во Франција, законодавството и судската пракса биле позаштитнички во однос на приватниот живот отколку во Германија или Велика Британија. Пришто, целта на Конвенцијата не била да ги униформизира националните закони. Според тоа, француските судови имале право да се произнесат, за разлика од германските судови, дека раѓањето на синот на Принцот не се однесувало на дебата од јавен интерес: се работело тука за разумна позиција во помирувањето на спротиставените интереси во игра.
66. Владата додала дека, дури и под претпоставка дека Големиот судски совет да се произнел дека раѓањето во прашање се однесувало на дебата од јавен интерес, присуството во спорната статија на многу интимни детали, го оправдувало сепак тоа дека, во конкретниот случај, заштитата на приватниот живот имала предност во однос на слободата на изразување.
67. Таа сметала дека објавувањето на статијата и на неколку фотографии кои го покажувале Принцот со неговиот син особено претставувале упад во приватниот живот на Принцот. Покрај тоа, написот содржел обелоденувања во врска со најинтимните детали од животот на Принцот. Исто така, Принцот се согласил да биде фотографиран со неговиот син за приватна употреба, а не за објавување. Во оваа смисла, Владата ги критикувала жалителките дека не направиле селекција од информациите обезбедени од страна г-ѓа Кост за да ги исклучат интимните детали во врска со Принцот, избирајќи наместо тоа да ги објават овие интимни детали и на тој начин тие не ги извршиле своите задачи и одговорности.
68. Владата понатаму навела дека, со користењето на фотографии и објаснувања под истите, списанието му придала на овој „scoop“ сензационалистички третман. Таа додала дека жалителките не можеле да се повикуваат на настани кои се случиле по објавувањето на написот, имено изјавата на Принцот за ова прашање, за да ја избегнат својата одговорност.
69. На крајот, таа објаснила дека Пари мач било комерцијално списание кое често го експлоатира приватниот живот на поединецот, со цел да ја задоволи љубопитноста на своите читатели, и дека оваа комерцијално експлоатирање е поврзано со повеќе или помалку скандалозната природа на објавените информации во списанието. Во конкретниот случај, спорното издание на Пари мач било отпечатено во повеќе од милион примероци. Како последица на тоа, Владата сметала дека мешањето во прашање во овој случај било неопходно и во согласност со обврската на пропорционалност која произлегувала од судската пракса на Судот, а износот на обештетувањето, според неа, треба да се пресмета според заработувачката на списанието.
В.Забелешки од трети страни
1. Забелешки на Владата на Монако
70. Владата на Монако сметала дека пресудата на Судскиот совет покренувала сериозно прашање во врска со толкувањето и примената на членовите 8 и 10 од Конвенцијата. Во врска со ова, таа изнела дека, во пракса, критериумот на „придонес кон дебата од јавен интерес“, колку и да бил релевантен, ја гарантирал потребната рамнотежа меѓу слободата на изразување и заштитата на приватниот живот само доколку правилно се применувал и не бил злоупотребен. Во конкретниот случај, согледбите во врска со татковството на детето кое јасно било исклучено од наследувањето на престолот не можеле да спаѓаат во рамките на дебата од јавен интерес. Според владата од Монако, главната - ако не и единствена - цел на статијата била да се задоволи љубопитноста на определена читателска публика во врска со приватниот живот на јавните личности. Згора на тоа, можело да постои ризик дека усвоениот пристап во пресудата на Судскиот совет ќе предизвикал во иднина премногу широко толкување на она што го оправдува придонесот кон дебата од јавен интерес, со што сериозно ќе се поткопала заштитата на приватниот живот на која јавните личности имале легитимно право, особено оние кои вршеле политички функции.
71. Владата на Монако, исто така, истакнала дека категоријата „јавни личности“ вклучувала многу мошне посебна подгрупа, онаа на „политички личности“, кои биле уште посилно изложени на интересот од страна на медиумите. Таа тврдела дека било важно да се осигура, за статиите во печатот посветени на „политичките личности“, во пракса, тие да не уживаат de facto речиси неоспорна презумција дека придонесуваат per se кон дебата од јавен интерес Сепак пресудата на советот создала сериозен ризик во врска со ова, имено, заштитата на приватниот живот на политички фигури да биде крајно ограничена. Уште поважно е да се земе во предвид овој проблем, со оглед на тоа дека се очекува толкувањето на Судот да служи како референца за секоја Висока страна договорничка.
2. Забелешки на Media Legal Defence Initiative ( „MLDI“)
72. Невладината организација MLDI сметала дека прашањето на наследување на тронот во наследна монархија било прашање од јавен интерес. Таа се приклонила кон толкувањето на овој концепт од стана на Судскиот совет. Истакнувајќи дека во Германија и Белгија веќе постоел широк пристап кон концептот на дебата од јавен интерес, таа се залагала за тоа на новинарите и уредниците, во остварувањето на нивното професионално мислење, да им се додели одредена слобода во однос на деталите кои треба да се вклучат за да се истакне суштината на дадена порака, особено кога е јасно дека таа се однесува на прашање од јавен интерес. Навистина, таква слобода му била признаена на Обединетото Кралство и на други земји-членки на Советот на Европа.
73. MLDI изјавила дека во уставна монархија шефот на државата вршел клучна репрезентативна улога и имал надлежности што можеле да вклучуваат давање јавни или приватни коментари, на политичарите, за широк спектар на прашања. Покрај тоа, во уставна монархија прашањата на сукцесија спаѓале во доменот на легитимниот јавен интерес, и тоа имало последици за слободата што требало да ја ужива печатот за да известува за овие прашања и за правото на јавноста да биде информирана, кога тоа е соодветно.
74. MLDI, исто така, сметала дека казната изречена во овој случај била особено строга. Според невладината организација, обврската за објавување на судското соопштение ризикувала не само да му наштети на угледот на списанието, туку, исто така, да влијае значително врз идната продажба на истото. Исто така, и во светлото на судската пракса на Судот, таа сметала дека износот на изреченото обештетување требало да се смета како форма на цензура.
Д.Оценка на Судот
75. Судот забележува дека страните се согласуваат дека оспорената одлука на судот претставувала мешање во остварувањето на жалителките на нивното право на слобода на изразување, заштитен со членот 10 од Конвенцијата. Ниту пак е спорно дека мешаањето било пропишано со закон, со тоа што се заоновало на членот 9 и членот 1382 од Граѓанскиот законик и имало легитимна цел, имено, заштитата на правата на другите во рамките на значењето на членот 10 § 2 од Конвенцијата - во конкретниот случај правото на Принцот на приватен живот и на заштита на сопствената слика. Судот се согласува со оваа оценка.
76. Сепак, жалителките изразиле извесна резерва во врска со легалноста и легитимноста на мешањето во прашање, оценувајќи го толкувањето на концептот на приватниот живот на националните судови како премногу широко, и се пожалиле дека немало соодветно балансирање на спротиставените интереси во игра (видете ги ставовите од 48 до 50 погоре). Пришто, Судот смета дека овие аргументи се однесуваат на оценувањето на неопходноста на мешањето и не се од таков вид да ја доведат во прашање неговата легалност или легитимна цел
77. Оттука, спорот во конкретниот случај се однесува на прашањето дали мешањето било „неопходно во едно демократско општество“.
1. Општи принципи утврдени во судската практика на Судот
78.Со оглед на тоа што во многу прилики бил повикан да суди спорови кои барале испитување на правична рамнотежа која требало да се постигне меѓу правото на почитување на приватниот живот и правото на слобода на изразување, Судот развил богата судска пракса во оваа област. Имајќи ги во предвид околностите на конкретниот случај, тој смета дека е корисно да се потсети на општите принципи кои се однесуваат на секое од правата за кои станува збор, а потоа да се изложат критериумите за постигнување рамнотежа на тие права .
(А) Општи принципи во однос на правото на почитување на приватниот живот
79. Судот повторува дека поимот на приватен живот е широк поим кој не подлежи на исцрпна дефиниција. Тој се протега на аспекти кои се однесуваат на личниот идентитет, како, на пример, името на лице, фотографија, или физички и морален интегритет. Овој концепт го вклучува и правото на живот во приватност, далеку од несакано внимание (видете Smirnova v. Russia, бр. 46133/99 и 48183/99, § 95, EСЧП 2003‑IX (извадоци)). Гаранцијата дадена со членот 8 од Конвенцијата во врска со ова е наменета првенствено за да се обезбеди развој, без надворешно мешање, на личноста на секој поединец во неговите или нејзините односи со другите луѓе. Оттука, постои зона на интеракција на поединецот со друг илица која, дури и во јавен контекст, може да спаѓа во рамките на приватниот живот.
80. Покрај тоа, додека приватно лице непознато за јавноста може да побара посебна заштита на неговото или нејзиното право на приватен живот, истото не важи и за јавни личности (видете Minelli v. Switzerland (Одл.), Бр. 14991/02, 14 јуни 2005 година). Сепак, во одредени околности, дури и кога некое лице е познато на јавноста тоа може да се повика на „легитимно очекување“ на заштита и почитување на неговиот приватен живот (видете, меѓу другото,, Von Hannover (бр. 2),наведена погоре, § 97).
81. Објавувањето на фотографија на тој начин може да пртетставува мешање во приватниот живот на лице, дури и ако тоа лице е јавна личност (ibid. § 95)„ Судот пресудил во повеќе наврати дека една фотографија може да содржи многу лични, па дури и интимни „информации“ за поединец или за неговото семејство (ibid. § 103). Според тоа, тој го признал правото на секој човек на заштита на сопствената слика, нагласувајќи дека на сопствената слика на едно лице претставува еден од главните атрибути на личноста, со оглед на тоа дека ги открива уникатните карактеристики на лицето и го разликува лицето од неговите слични. На тој начин, правото на заштита на сопствената слика е една од основните компоненти на личниот развој. Тоа главно го претпоставува правото на поединецот да ја контролира употребата на сопствената слика, вклучувајќи го и правото да го одбие објавувањето на истата (ibid., § 96).
82. Во одредувањето на тоа дали објавувањето на фотографијата претставува или не мешање во правото на жалителот на почитување на приватниот живот, Судот го зема предвид начинот на кој се добиени информацијата или фотографијата. Особено, тој посветува внимание на добивањето на согласност од засегнатите лица, и на повеќе или помалку силното чувство на упад во приватноста предизвикано со фотографија (видете Von Hannover, цитирана погоре, § 59; Gurgenidze v. Georgia, Бр. 71678/01, §§ 55-60, 17 октомври 2006; и Hachette Filipacchi Associés v. France, бр. 71111/01, § 48, 14 јуни 2007). Во врска со ова, Судот имал прилика да забележи дека фотографиите кои се појавувале во „сензационалистичкиот“ печат, или во „романтичните“ списанија, кои обично имаат за цел да ја задоволат љубопитноста на јавноста во врска со деталите од строго приватниот живот на некое лице (видете Société Prisma Presse v. France (Одл.), Бр. 66910/01 и 71612/01, на 1 јули 2003 година, и Hachette Filipacchi Associésv. France (ICI PARIS), бр. 12268/03, § 40, 23 јули 2009 година), често се добиени во клима на континуирано вознемирување кое може да предизвика кај засегнатото лице многу силно чувство на упад во приватниот живот, па дури и на прогонување (видете Von Hannover, цитирана погоре, § 59) Судот во својата оценка исто така ја зема во предвид целта за која била употребена фотографијата и како таа може да се употребува потоа (видете Reklos and Davourlis v. Greece, бр. 1234/05, § 42, 15 јануари 2009, и Hachette Filipacchi Associés (ICI PARIS)), цитирана погоре, § 52).
83. Сепак, овие фактори не се исцрпни. Други критериум може да се земат во предвид во зависност од конкретните околности на дадениот случај. Во овој случај, Судот ја нагласува важноста на оценувањето на сериозноста на упадот во приватниот живот и последиците од објавувањето на фотографијата за засегнатото лице (видете Gurgenidze, цитирана погоре, § 41).
(б) Општи принципи кои се однесуваат на правото на слобода на изразување
84. Слободата на изразување претставува еден од основните темели на едно демократско општество и еден од основните услови за неговиот напредок и за себеисполнувањето на секој поединец. Во согласност со ставот 2 од член 10, таа се однесува не само на информациите или идеите кои се примаат позитивно или се сметаат за безопасни или, пак, предизвикуваат рамнодушност, туку и на оние што навредуваат, шокираат или вознемируваат. Такви се барањата на плурализмот, толеранцијата и слободоумието без кои не постои „демократско општество“. Како што е наведено во членот 10, слободата на изразување е предмет на исклучоци, кои треба, сепак, да се толкуваат строго, и потребата за било какви ограничувања мора убедливо да се утврди (видете Handyside v. the United Kingdom7 декември 1976 година, § 49, Серија А бр. 24, и, меѓу многу други, Lindon, Otchakovsky-Laurens and July v. France [ГС], бр. 21279/02 и 36448/02, § 45, ЕСЧП 2007‑IV, и Von Hannover (бр. 2), цитирана погоре, § 101).
85. Иако печатот не смее да пречекори одредени граници, особено во однос на заштитата на угледот и правата на другите, неговата задача е сепак да пренесе - на начин кој е во согласност со неговите обврски и одговорности - информации и идеи за сите прашања од јавен интерес. Така, задачата на пренесување на информации задолжително вклучува „обврски и одговорности“, како и ограничувања што печатот мора да си ги наметне спонтано (видете Mater v. Turkey, бр. 54997/08, § 55, 16 јули 2013). Не само што печатот има задача да пренесува такви информации и идеи; јавноста исто така има право да ги прима. Доколку би било поинаку, печатот не би бил во можност да ја одигра својата витална улога на „јавен чувар“ (видете Bladet Tromsø and Stensaas v. Norwa [ГС], бр. 21980/93, §§ 59 и 62, EСЧП 1999‑III; Pedersen and Baadsgaard v. Denmark, бр. 49017/99, § 71, EСЧП 2004‑XI и Von Hannover (бр. 2), претходно цитирана, § 102). Покрај тоа, Судот не треба, како ни националните судови, да избере наместо печатот кои техники на известување треба да се усвојат во одреден случај (видете Jersild v. Denmark 23 септември 1994 година, § 31, Серија А бр. 298, и Stoll v. Switzerland [ГС], бр. 69698/01, § 146, EСЧП 2007‑V). Слободата на изразување го вклучува објавувањето на фотографии. Ова е сепак една област во која заштитата на правата и угледот на другите добива особена важност, со оглед на тоа што фотографиите може да содржат многу лични или дури и интимни информации за поединец или за неговото семејство (видете Von Hannover (бр. 2), цитирана погоре, § 103). И на крајот, иако објавувањето на вест за приватниот живот на јавни личности е генерално за забавни цели а не за образовни, тоа придонесува кон разновидноста на информациите кои се на располагање на јавноста и несомнено ја ужива заштитата на членот 10 од Конвенцијата. Меѓутоа, таквата заштита може да отстапи пред барањата на членот 8 кога информацијата во прашање е од приватна и интимна природа и не постои јавен интерес за нејзиното пренесување (видете Mosley v. the United Kingdom, бр. 48009/08, § 131, 10 мај 2011).
(в) Општи принципи во однос на просторот за слободна проценка и балансирањето на правата
86. Изборот на соодветните мерки за обезбедување усогласеност со членот 8 од Конвенцијата во сферата на односите меѓу поединците во принцип спаѓа во просторот за слободна проценка на државите договорнички, независно од тоа дали обврските на државата се позитивни или негативни ( видете Von Hannover (бр. L 2), цитирана погоре, § 104,со дополнителни референци). Исто така, во согласност со членот 10 од Конвенцијата, државите договорнички имаат одреден простор на слободна проценка при оценувањето дали и до кој степен е потребно мешање во слободата на изразување заштитена со оваа одредба (ibid.). Сепак, овој простор за слободна проценка оди рака под рака со европскиот надзор, опфаќајќи ги законодавството и одлуките за неговата примена, дури и оние донесени од страна на независен суд. Во вршењето на својата надзорна функција, Судот нема задача да го заземе местото на националните судови, туку да испита, во светлината на случајот како целина, дали одлуките што тие ги донеле согласно нивното овластување за проценка се компатибилни со одредбите од Конвенцијата на кои се повикуваат (ibid., § 105, со наведените референци).
87. Во случаи кои бараат правото на почитување на приватниот живот да биде избалансирано во однос на правото на слобода на изразување, Судот смета дека исходот од жалбата не треба, во принцип, да варира во зависност од тоа дали била поднесена до Судот, согласно членот 8 од Конвенцијата, од страна на лицето кое било предмет на репортажата, или во согласност со членот 10, од страна на издавачот. Всушност, а приори, овие права заслужуваат еднаков респект (ibid. § 106). Соодветно на тоа, просторот на слободна проценка би требало во теорија да биде ист и во двата случаи.
88. Според воспоставената судска пракса на Судот, критериумот на „неопходност во демократско општество" бара Судот да утврди дали оспореното мешање соодветствувало со „итна општествена потреба“, дали тоа било пропорционално на легитимната цел и дали причините наведени од страна на националните власти за тоа да се оправда се релевантни и доволни (видете The Sunday Times v. the United Kingdom (бр. 1), 26 април 1979, § 62, серија A бр. 30). Просторот на слободна проценка оставен на националните власти во оценувањето дали постои таква „потреба“ и кои мерки треба да се донесат за да се одговори на истата не е неограничен, туку оди рака под рака со европскиот надзор што го врши Судот, чија задача е да даде конечна одлука за тоа дали ограничувањето е помирливо со слободата на изразување која е заштитена со членот 10. Дококу балансирањето што го извршиле националните органи било во согласност со критериумите утврдени во судската пракса на Судот, ќе бидат потребни силни причини за Судот да го замени мислењето на домашните судови со своето (видете Von Hannover (бр. 2), претходно наведена, § 107).
89. Судот веќе имал прилика да ги утврди релевантните принципи кои мора да ја водат неговата оценка во оваа област. Така, тој идентификувал голем број на критериуми во контекст на балансирањето на конкурентните права (видете Von Hannover(бр. 2), претходно наведена, §§ 109-13, и Axel Springer AG v. Germany [ГС], бр. 39954/08, §§ 90-95, 7 февруари 2012). Така дефинираните релевантни критериуми се: придонесот кон дебата од јавен интерес, познатоста на засегнатото лице, предметот на репортажата, претходното однесување на засегнатото лице, содржината, формата и последиците од објавувањето, и, каде што е соодветно, околностите во кои биле снимени фотографиите. Кога испитува жалба поднесена во согласност со членот 10, Судот, исто така, ќе го испита начинот на кој е добиена информацијата и нејзината вистнитост, како и тежината на казната против новинарите или издавачите (ibid.). Судот смета дека така дефинираните критериуми може да се транспонираат на овој случај.
2.Примена на овие принципи во конкретниот случај
90. Судот утврди дека оспорената статија се состоела од интервју со г-ѓа Кост, кое обелоденувало дека Принцот бил таткото на нејзиниот син. Написот, исто така, наведувал детали за околностите во кои таа се сретнала со Принцот, нивните интимни односи, взаемните чувства, неговата реакција на веста за нејзината бременост и начинот на кој тој се однесувал со детето. Тој бил илустриран со фотографии на Принцот држејќи го детето или во придружба на г-ѓа Кост, во јавен и приватен контекст (видете ставови 14‑16 погоре).
91. Во овој поглед, и со оглед на аргументите на странките (видете ставови 53 и 69 погоре) во врска со заклучоците донесени од страна на германските судови во однос на значително слични написи кои биле објавени во Бунте, Судот смета дека е соодветно да нагласи прелиминарно дека неговата улога во овој случај се состои пред се во тоа да испита дали домашните судови, чии одлуки биле оспорени од страна на жалителките, постигнале правичен баланс помеѓу правата во прашање и ја донеле својата одлука во согласност со критериумите утврдени од негова страна на за таа намена (критериумите наведени во став 93 погоре). Така, неговата оценка на околностите на конкретниот случај не може да се заснова на компаративно испитување на одлуките донесени соодветно од страна на француските и германските судови во однос на обелоденетата информација.
(а) Прашањето на придонесот кон дебата од јавен интерес
92. Судот потсетува дека, членот 10 § 2 од Конвенцијата не остава простор за ограничувања на слободата на изразување кога се работи за прашање од јавен интерес (видете, inter alia, Wingrove v. the United Kingdom, 25 ноември 1996, § 58, Reports of Judgments and Decisions 1996‑V). Просторот за слободна проценка на државите е ограничен во случај кога се работи за прашање од јавен интерес (see Éditions Plon v. France, бр. 58148/00, § 44, EСЧП 2004‑IV). Во околностите на конкретниот случај, од суштинско значење е да се утврди на почетокот дали можело да се смета дека содржината на интервјуто кое го открило татковството на Принцот сочинувала информација која е од таков вид за да „придонесе кон дебата од јавен интерес“.
(I) Концептот на „придонес кон дебата од јавен интерес“
93. Владата тврдела дека премногу широко толкување на овој концепт би можело да поништи каква и да е заштита на приватниот живот на јавните личности (види ставови 65-66 погоре). Во оваа смисла, Судот нагласува дека дефинирањето на тоа што може да претставува предмет на јавен интерес ќе зависи од околностите на секој поединечен случај (видeте Von Hannover (бр. 2), цитирана погоре, § 109, и Axel Springer, цитирана погоре, § 90).
94. Тој, исто така потсетува дека веќе имал прилика да одлучува за различни ситуации и заклучил дека, иако поврзани со приватниот живот, тие можеле легитимно да бидат изнесени пред јавноста. Во тие случаи, тој зел во предвид голем број на фактори за да утврди дали одредено издание кое откривало елементи од приватниот живот, исто така, се однесувало на прашање од јавен интерес. Овие фактори ја вклучуваат и важноста на прашањето за јавноста како и природата на обелодентеата информација (видете Von Hannove (бр.. 2), цитирана погоре, § 109, а во контекст на правото на углед, Axel Springer, цитирана погоре, § 90, со понатамошни упатувања).
95. Особено, тој прифатил во минатото аспекти од приватниот живот да можат да бидат откриени заради интересот што може да го има јавноста да се информира за одредени лични особини на засегнатата јавна личност (видете ги случаите на Ojala and Etukeno Oy v. Finland, бр. 69939/10, §§ 54‑55, 14 јануари 2014, и Ruusunen v. Finland, бр. 73579/10, §§ 49‑5, во кои Судот утврдил дека моментот и начинот на кои поранешниот фински премиер отпочнал љубовна врска и брзината со која се таа развила можеле да бидат од јавен интерес, со тоа што тие го отворале прашањето за негова евентуална нечесност или недоволно расудување во тој поглед). Сепак, останува, дека љубовните врски на едно лице, во принцип, се строго приватна работа. Следи дека, во принцип, деталите во врска со сексуалниот живот или интимните односи на двојката треба да биде дозволено да бидат објавени во јавност без претходна согласност само во исклучителни околности.
96. Судот, исто така, истакнал на повеќе наврати дека, иако јавноста има право да биде информирана, и тоа е суштинско право во едно демократско општество кое, во некои посебни околности, дури и може да се прошири на аспекти од приватниот живот на јавните личности, не може да се смета дека статиите насочени само кон задоволување на љубопитноста на определени читатели во врска со деталите од приватниот живот на една личност, колку и да е таа општо позната, придонесуваат за каква било дебата од општ интерес за општеството (видете Von Hannover, цитирана погоре, § 65; MGN Limited v. the United Kingdom, бр.39401/04, § 143, 18 јануари 2011 година;и Alkaya v. Turkey, бр. 42811/06, § 35, 9 октомври 2012 година).
97. Така, напис во врска со наводните вонбрачни односи на високи јавни личности кои биле високи државни функционери само придонел за ширење на гласини, кои служеле единствено за да се задоволи љубопитноста на определена читателска публика (видете Standard Verlags GmbH v. Austria (бр. 2), Бр. 21277/05, § 52, 4 јуни 2009). Исто така, објавувањето на фотографии кои покажуваат сцени од секојдневниот живот на принцеза која немала никаква официјална функција било наменето само за задоволување на љубопитноста на определена читателска публика (видете Von Hannover, цитирана погоре, § 65, со понатамошни упатувања). Судот повторува во врска со ова дека јавниот интерес не може да се сведе на жедта на јавноста за информации за приватниот живот на другите, или на желбата на читателот за сензационализам, па дури и воајеризам.
98. Со цел да се утврди дали дадено издание во врска со приватниот живот на поединец не е наменето исклучиво да ја задоволи љубопитноста на определена читателска публика, туку, исто така, се однесува на предмет од општо значење, потребно е да се оцени изданието како целина и да се испита дали, имајќи го предвид контекстот во кој тоа се појавува (видете Tønsbergs Blad A.S. and Haukom v. Norway, бр. 510/04, § 87, 1 март 2007; Björk Eiðsdóttir v. Iceland, бр. 46443/09, § 67, 10 јули 2012; и Erla Hlynsdόttir v. Iceland, бр. 43380/10, § 64, 10 јули 2012), тоа се однесува на прашање од јавен интерес.
99. Во врска со ова, Судот наведува дека прашања поврзани со јавниот интерес се оние кои ја допираат јавноста до таа мера што таа може легитимно да се интересира за нив, кои го будат нејзиното вниманието или кои ја преокупираат до значителен степен (видете Sunday Times, цитирана погоре, § 66), особено во тоа што тие влијаат на благосостојбата на граѓаните или на животот на заедницата (видете Barthold v. German25 март 1985 година, § 58, Серија А бр. 90). Ова е исто случај и во врска со прашањата кои можат да предизвикаат значителни контроверзии, кои се однесуваат на важен општествен проблем (видете, на пример, Erla Hlynsdόttir, цитирана погоре, § 64), или кои вклучуваат проблем за кој јавноста ќе има интерес да биде информирана (видете Tønsbergs Blad A.S. and Haukom, цитирана погоре, § 87).
(Ii) Придонесот на спорната статија за дебата од јавен интерес
100. Во конкретниот случај, домашните судови оцениле дека имало „недостаток на каква и да е актуелна вест“ и на „ каква и да е дебата за прашање од јавен интерес“ во оспорената публикација, со оглед на тоа дека на детето му било забрането да го наследи престолот, ситуација за која „фирмата во своите заклучоци не тврдела дека е предмет на дебата во француското или моначкото општество или на разгледување во написот“. Тие така сметале дека оспорениот напис претставувал нарушување на приватниот живот на Принцот кое никако не можело да се оправда со „барањата на известувањето за актуелни прашања“, што тие сметале дека се „непостоечки“ (видете ставови 27 и 36 погоре).
101. Судот, од своја страна, смета дека за да се одреди дали содржината на интервјуто во кое се открива татковоството на Принцот може да се смета како информација која има за предмет прашање од јавен интерес треба да се оцени написот како целина, како и суштината на информацијата која во него е обелоденета. Во врска со ова, а имајќи ги предвид забелешките на домашните судови (видете ставови 20, 27 и 36 погоре) и на Владата (видете став 70 погоре), Судот се согласува дека интервјуто со г-ѓа Кост содри бројни детали за приватниот живот на Принцот и неговите реални или претпоставени чувства кои, во околностите на случајот, не се директно поврзани со дебата од јавен интерес.
102. Сепак, Судот смета дека предметот на овој напис не може да се смета како обелоденување само на односот помеѓу г-ѓа Кост и Принцот, освен ако опсегот на концептот на јавен интерес е многу ограничен. Несомнено е дека публикацијата, земена како целина и ставена во контекст, како и анализирана во однос на горенаведената судска пракса (видете ставови 98-103 погоре), исто така, се однесувала на прашање од јавен интерес.
103. Во оваа смисла, Судот смета дека е корисно на почетокот да се истакне дека и покрај тоа што раѓањето е настан од интимна природа, тоа не спаѓа само во приватната сфера на засегнатите лица,туку, исто така спаѓа и во јавната сфера, затоа што во принцип е придружено со изјава за јавноста (извод од матична книга на родените) и воспоставување на правен однос меѓу родителот-детето. Така, чисто семејниот и личниот интерес што го содржи татковството на лице е надополнет од јавниот аспект кој се однесува на социјалната и правната организација на сродството. Оттука, објавената репортажа за раѓање не може да се смета, сама по себе, како обелоденување кое се однесува исклучиво на детали од приватниот живот на другите, наменето само за да се задоволи љубопитноста на јавноста.
104. Понатаму, имајќи ги предвид специфичните карактеристики на Кнежевството Монако, во кое „врските меѓу кнежевското семејство и граѓаните од Монако се многу тесни“ и „монархијата (...) се заснова на сојузот меѓу Принцот и националната заедница“[1], Судот смета дека е непобитна вредноста од јавен интерес - барем за поданиците на Кнежевството - на тоа дека Принцот, кој бил познат во тоа време како самец и без деца - имал потомство, и тоа машко. Фактот дека синот на принцот бил роден надвор од брак е ирелевантно во овој поглед. Така, раѓањето на детето, во тоа време, не било ослободено од евентуални династички и финансиските импликации: Принцот тогаш уште не бил во брак и прашањето за легализација преку брак можело да се постави, дури и ако таквиот исход не бил веројатен.
105. Впрочем, последиците од раѓањето во однос на наследувањето биле споменати во написот каде било пренесено предупредувањето од страна на советникот на принцот, кој наводно рекол: „Дали сте свесна дека ако е машко, тие ќе го искористат тоа за да се спречи Алберт да пристапи кон престолот, и детето ќе може да се повика на своето право на престолот“. Тие, исто така, биле очигледни во изјавата на г-ѓа Кост, кога таа изјавила: „Но, јас не сакав тој да порасне како Mазарен ... Јас мислев само на тоа, и во ниту еден миг не мислев дека тој претставува потенцијален наследник. Така, биле, исто така, напоменати причините кои можеби го поттикнале Принцот да одбие да го признае своето татковство официјално и да сака да го чува во тајност. Покрај тоа, преку коментарите г-ѓа Кост изјавувајќи дека таа се „плашела за психичкото здравје на нејзиниот син“ и сакала тој „да расте нормално, со татко“, написот, исто така, се осврнал и на најдобриот интерес на детето во тоа официјално да биде признато неговото сродство со татко му, важен аспект од неговиот личен идентитет,
106. Во оваа фаза, Судот повторува, имајќи го предвид аргументот на владата дека статијата содржела само неколку реда за прашањето за статусот на детето како потенцијален наследник (видете став 68 погоре), дека единствено е битно прашањето дали објавена репортажа е способна да придонесе кон дебата од јавен интерес, а не дали таа ја постигнала оваа цел во целост (видете Haldimann and Others v. Switzerland, бр. 21830/09, § 57, EСЧП 2015). Судот појаснува дека, за една публикација да придонесе кон дебата од јавен интерес, не е потребно таа да биде посветена целосно на истиот; може да биде доволно таа да биде засегната од дебатата и да содржи еден или повеќе елементи во таа смисла (видете Lillo-Stenberg and Sæther v. Norway, бр. 13258/09, § 37, 16 јануари 2014 година; Ojala и Etukeno Oy, цитирана погоре, § 54; и Ruusunen, цитирана погоре, § 49).
107. Во конкретниот случај, оспорената информација не била без политички последици, и можела да го предизвика интересот на јавноста во врска со правилата за наследување во сила во кнежевството (што спречувале децата родени вон брак да го наследат тронот). Исто така, однесувањето на Принцот, кој сакал да го зачува своето татковство тајно и одбивал да го признае јавно (видете ставови 25 и 27 погоре), можело, во наследна монархија чија иднина е тесно поврзана со постоењето на потомци, исто така, да биде од интерес за јавноста. Ова било подеднакво важело и за неговото однесување во однос на мајката на детето - која не успевала да го добие ниту нотарскиот акт за признавање на нејзиниот син, ниту неговата транскрипција во матичната книга на родени (видете став 17 погоре) - и во однос на самото дете: овие информации можеле да разткријат некои аспекти од личноста на Принцот, особено во поглед на начинот на кој тој им пристапувал и ги преземал своите одговорности.
108. Во овој контекст, важно е да се повтори симболична улога на системот на наследна монархија. Во таква монархија, Принцот го отелотворува единството на нацијата. Оттука, одредени настани кои влијаат на членовите на владејачкото семејство, иако спаѓаат во приватниот живот, се исто така дел од современата историја. Ова беше заклучокот на Судот, особено во врска со болеста на принцот Рение III (видете Von Hannover (бр.2), цитирана погоре, §§ 38 и 117). Според мислењето на Судот, ова е исто така и во однос на раѓањето на дете, па дури и да е родено надвор од брак, особено што во времето на спорните настани, се чинело дека детето е единствениот потомок на Принцот. Во уставна наследна монархија, личноста на Принцот и неговото директно потомство, исто така, сведочат за континуитетот на државата.
109. Следствено, Судот смета дека, и покрај тоа што оспорениот член секако содржел бројни детали кои се однесувале исклучиво на приватниот или дури и интимниот живот на Принцот, тој, исто така, имал за предмет информација која била од таков вид што можела да придонесе кон дебата за прашања од јавен интерес (видете ставови 105-112 погоре), како што тоа го тврделе жалителките како пред домашните судови така и пред Судот (видете ставови 30-33 и 52-53 погоре).
110. Имајќи ги предвид заклучоците на домашните судови во врска со ова (видете став 104 погоре), Судот смета дека е корисно да се нагласи дека придонесот на печатот за дебата од јавен интерес не може да се ограничи само на актуелните настани или претходно постојните дебати. Печатот е секако вектор за ширење на дебати од јавен интерес, но тој, исто така, има улога да открива и да изнесува пред јавноста информациии кои можат да предизвикаат таков интерес и да потикнат таква дебата во општеството. Покрај тоа, со оглед на статиите објавени во Дејли Мејл и во Бунте (видете ставови 9 и 11 погоре), Судот забележува дека статусот на детето на потенцијален наследник веќе бил предмет на јавна дискусија.
111. Соодветно на тоа, тој се смета дека националните судови требало да ја оценат публикацијата во целина за да го утврдат нејзиниот предмет точно, наместо да ги испитаат наводите во врска со приватниот живот на Принцот надвор од нивниот контекст. Меѓутоа, во случајов, тие одбиле да го земат предвид интересот што можел да го побуди кај јавноста централната информација на написот - имено постоењето на дете чиј татко бил Принцот - и наместо тоа, тие се фокусирале на деталите за интимноста на двојката наведени г-ѓа Кост. На тој начин, тие ја одзеле ефикасноста на оправданоста врз основа на јавниот интерес на која се повикувале жалителките.
112. Во овој случај, сепак, со оглед на природата на информацијата во прашање, Судот не гледа причина да се сомнева дека, со објавувањето на исказите на г-ѓа Кост, може да се смета дека жалителките придонеле кон дебата од јавен интерес.
(б) Колку е познато засегнатото лице и што било предмет на објавената репортажа?
(I) Последиците од квалификацијата како „јавна личност“.
113. Судот повторува дека улогата и функцијата на засегнатото лице и природата на активностите кои се предмет на објавената репортажа и / или фотографија претставува уште еден важен критериум кој треба да се земе предвид (видете Von Hannover (no. 2), наведена погоре, § 110, и Axel Springer, наведена погоре, § 91). Така, степенот до кој еден поединец е јавна личност или е познат влијае на заштитата што може да ја ужива неговиот приватен живот. Оттука, Судот признал во повеќе наврати дека јавноста има право да биде информирана за одредени аспекти од приватниот живот на јавните личности (видете, меѓу другото, Karhuvaara and Iltalehti v. Finland, бр. 53678/00, § 45, EСЧП 2004‑X).
114. Затоа е неопходно да се направи разлика меѓу приватните лица и лицата кои делуваат во јавен контекст, како политички личности или јавни личности. Треба да се направи клучна разлика помеѓу известување за детали од приватниот живот на поединец и известување, во врска со политичари при вршењето на нивните официјални функции, за факти кои можат да придонесат кон дебата во едно демократско општество (видете Von Hannover, наведена погоре, § 63, и Standard Verlags GmbH and Krawagna-Pfeifer v. Austria , бр. 19710/02, § 47, 2 ноември 2006 година)
115. Така, во зависност од тоа дали има или нема официјална функција, поединецот ќе ужива во повеќе или помалку ограничено право на интимност на неговиот приватен живот: во овој поглед, правото на јавните личности да ја заштитат тајноста на нивниот приватен живот е, во принцип, пошироко кога тие немаат официјална функции (дури иако, како членови на кралското семејство, тие имаат репрезентативна улога, видете во таа смисла Von Hannover , цитирана погоре, §§ 76-77) и е пограничено кога тие имаат таква функција (видете, на пример, Lingens v. Austria8 јули 1986 година, § 42, Серија А бр . 103, и Ojala and Etukeno Oy, претходно наведени, § 52).
116. Така, вршењето на јавна функција или преземањето на политичка функција задолжително го изложува поединецот на вниманието на јавноста, вклучително и во областите кои спаѓаат во рамките на приватниот живот. Оттука, одредени приватни дејства од страна на јавните личности може да не се сметаат како такви, со оглед на потенцијалното влијание со оглед на улогата на овие лица на политичката или општествената сцена и на интересот на јавноста да биде информирана за нив. Судот се согласува со анализата на Парламентарното собрание на Советот на Европа која утврди дека „јавните личности мора да признаат дека позицијата што ја заземаат во општеството - во многу случаи по сопствен избор - автоматски повлекува зголемен притисок врз нивната приватност“ (точка 6 од Резолуцијата 1165 (1998) ...)
117. Според тоа, Судот утврди особено дека политичарите неизбежно и свесно се изложуваат на внимателна контрола на секој нивен збор и дело, како од страна на новинарите, така и од јавноста во целина (видете, меѓу другото, Lingens, цитирана погоре, § 42). Исто така, овој принцип не се однесува само на политичарите, туку на секое лице кое е дел од јавната сфера, било преку дејностите (видете, во таа насока, Krone Verlag GmbH & Co. KG, наведена погоре, § 37, и News Verlags GmbH & Co.KG v. Austria, бр. 31457/96, § 54, EСЧП 2000‑I) или нивната позиција (видете Verlagsgruppe News GmbH v. Austria (бр. 2), бр. 10520/02, § 36, 14 декември 2006).
118. Сепак, во одредени околности, дури и кога некое лице е познато на јавноста тоа може да се повика на „легитимно очекување“ на заштита и почитување на неговиот приватен живот (видете, меѓу другото, Von Hannover (бр. 2), наведена погоре, § 97). Така, тоа што поединец припаѓа на категоријата на јавни личности не може на било кој начин, дури и во случај на лица кои вршат официјални функции, да им дозволи на медиумите да ги кршат професионалните и етичките принципи кои мора да ги регулираат нивните постапки, или да ги легитимира упадите во приватниот живот.
119. Од ова следи дека славата или функциите на поединец не можат под никакви околности да го оправдаат гонењето од страна на медиумите ниту објавувањето на фотографии добиени по пат на измама или скришно (видете, во однос на фотографии на познати личности снимени со телеобјектив без нивно знаење, Von Hannover, цитирана погоре, § 68) или на фотографии кои прикажуваат детали од приватниот живот на лицата и претставуваат упад во нивната интимност (видете, во врска со објавувањето на фотографии кои се однесуваат на наводна прељубничка врска, Campmany and Lopez Galiacho Perona v. Spain (одл.),бр. 54224/00, EСЧП 2000‑XII).
120. Во конкретниот случај, Судот забележува дека Принцот е лице кое, преку неговото раѓање како член на кралско семејство и неговите јавни функции, истовремено политички и репрезентативни, како Шеф на државата, неспорно, е ноторна јавна личност. Домашните судови, оттука, требало да го разгледаат степенот до кој оваа ноторност и овие јавни функции биле способни да влијаат на заштитата што неговиот приватен живот можел да ја ужива. Сепак, тие се воздржале од тоа да ја вклучат оваа околност во нивната проценка на фактите што требале да ги испитаат. Така, иако потсетил дека можело да се направи исклучок во однос на принципот на заштитата на приватниот живот кога откриените факти можеле да потикнат дебата заради нивното влијание со оглед на статусот или функцијата на засегнатото лице (видете став 26 погоре), Апелациониот суд од Версај не извлекол никаков заклучок од таа согледба во конкретниот случај. Исто така, Касациониот суд само навел, на општ начин, дека „секој човек, без оглед на неговиот ранг, раѓање, богатство или сегашни или идни функции, [имал] право на почитување на неговиот приватен живот“ (видете став 36 погоре) .
121. Меѓутоа, со оглед дека очекувањето за заштита на приватниот живот може да биде ограничено заради вршените јавни функции, Судот смета дека, со цел да се обезбеди правичен баланс на интересите во прашање, домашните судови, во оценувањето на околностите што биле повикани да ги испитаат, требале да го земат во предвид можното влијание на статусот на Принцот како шеф на државата, и да се обидат, во тој контекст, да утврдат што во спорната статија му припаѓало на строго приватниот домен и што спаѓало во јавната сфера.
(Ii) Предмет на изданието
122. Судот забележува на почетокот дека оспореното издание секако се однесувало на сферата на приватниот живот на Принцот со тоа што го опишувалo љубовниот живот и неговиот однос со синот. Сепак, упатувајќи на своите претходни констатации (ставови 106-114 погоре), Судот смета дека суштинскиот елемент на информацијата содржана во статијата - постоење на детето - ја надминувал рамката на приватната сфера, со оглед на наследната природа на функциите на шеф на моначката држава. Понатаму, со оглед на тоа дека Принцот се појавил во неколку наврати во јавноста заедно со г-ѓа Кост (видете ставови 14 и 16 погоре), Судот смета дека постоењето на неговиот однос со неа веќе не било само прашање во врска со неговиот приватен живот.
123. Потоа Судот нагласува дека написот го немал за предмет само приватниот живот на Принцот, туку, исто така, се однесувал и на приватниот живот на г-ѓа Кост и нејзиниот син, за кого само г-ѓа Кост имала родителско право. Така, тој, исто така, содржел детали за бременоста на интервуираната, нејзините чувства, раѓањето на нејзиниот син, здравствени проблеми на син и и нивниот заеднички живот (видете став 14 погоре). Тоа биле елементи кои се однесувале на приватниот живот на г-ѓа Кост, во однос на кои таа сигурно не била обврзана да молчи и можела слободно да ги искаже. Во оваа смисла, Судот не може да го игнорира фактот дека спорната статија била средство за изразување за интервјуираната и нејзиниот син.
124. Покрај тоа, за оспореното издание, г-ѓа Кост била мотивирана од личен интерес, односно, да добие официјално признавање на нејзиниот син, што, впрочем, јасно се гледа од статијата (видете ставови 14 и 15 погоре). На тој начин интервјуто покренало прашање од јавниот интерес, но исто така, се однесувало на спроиставени приватни интереси: оној на г-ѓа Кост да обезбеди признавање на нејзиниот син, заради што таа стапила во контакт со медиумите (видете став 17 погоре), оној на детето да има утврдено татковство и оној на Принцот кој сакал неговото татковство да остане тајна.
125. Судот, сепак, се согласува дека, како што тоа го тврдела Владата (видете став 63 погоре), правото на слобода на изразување на г-ѓа Кост за себе и за нејзиниот син не е директно во прашање во овој случај, со оглед на тоа дека г-ѓа Кост не била странка во постапката пред домашните судови, и не е странка во постапката пред Судот. Тој нагласува, сепак, дека при оценувањето на заштитата што Принцот треба да ја ужива треба да се земе во предвид комбинацијата на елементи кои се однесуваат на приватниот живот на г-ѓа Кост и на оној на Принцот.
(в) Претходното однесување на засегнатото лице
126. Судот забележува дека ниту домашните судови, ниту странките не го коментирале претходното однесување на Принцот. Во околностите на случајот, Судот смета дека, освен да се шпекулира, елементите од предметот по себе не се доволни за да му овозможат тој да се запознае со или да го испита претходното однесување на Принцот во врска со медиумите. Освен тоа, самото тоа што соработувал со печатот во претходни случаи не може да послужи како аргумент за лице за кое станува збор во дадена статија да се лиши од секаква заштита (видете Egeland and Hanseid v. Norway, бр. 34438/04, § 62, 16 април 2009). Така, секоја наводна или вистинска толеранција или услужливост на поединец во врска со публикации кои се однесуваат на неговиот приватен живот не го лишува нужно од неговото правото на приватност.
(г) Начинот на добивање на информациите и нивната веродостојност
127. Судот ја нагласува на почетокот важноста што ја има за него почитувањето на новинарите на своите должности и одговорности, како и на етичките принципи кои ја врамуваат нивните професија. Во врска со ова, Судот повторува дека членот 10 го заштитува правото на новинарите да ги пренесуваат информациите за прашања од општ интерес се додека тие се искажуваат со добри намери, врз основа на точни факти, и нудат „проверени и прецизни“ информации во согласност со новинарската етика (видете Fressoz and Roire v. France [ГС], бр. 29183/95, § 54, EСЧП 1999‑I).
128. Чесноста на средствата кои се користат за да се добие информација и таа да се пренесе на јавноста, како и почитта покажана за лицето кое е предмет на информација (видете Egeland and Hanseid,, цитирана погоре, § 61) се, исто така, критериуми од суштинско значење кои треба да се земат предвид. Редуктивниот и скратен карактер на една статија може да доведе до забуна на читателот, да го намали значително значењето на придонесот на публикацијата кон дебата од јавен интерес (видете Stoll, цитирана погоре,§ 152) .
129. Понатаму, Судот сака да ги нагласи посебните околности на конкретниот случај во споредба со други случаи што тој ги разгледал во кои печатот го изложил приватниот живот на јавни личности, вклучувајќи и членови на моначкото кралско семејство: со одлука што се чини лична, доброволна и свесна, самата г-ѓа Кост стапила во контакт со Пари мач (видете став 17 погоре).
130. Вистинитоста на изјавите г-ѓа Кост во врска со татковството на Принцот не е оспорена од него, и тој јавно го признал истото кратко време по објавувањето на спорната статија. Во врска со ова, Судот го нагласува клучниот карактер на точноста на пренесените информации: почитувањето на овој принцип е од фундаментално значење за заштита на угледот на другите.
131. Што се однесува до фотографиите кои го илустрираат интервјуто, тие биле дадени доброволно - како што е наведено од страна на Апелациониот суд од Версај (видете став 27 погоре) - и бесплатно на Пари мач од г-ѓа Кост (видете став 17 погоре). Освен тоа, фотографиите кои го покажувале Принцот со своето дете не биле снимени без неговото знаење (споредете Von Hannover, цитирана погоре, § 68), или во околности кои го покажувале во неповолна светлина (споредете Von Hannover (бр. 2), цитирана погоре, §§ 121‑123). Секако, како и домашните судови, Судот забележува дека фотографиите го покажувале Принцот во приватен контекст и дека биле објавувени без негова согласност. Сепак, тие во ниеден случај не го прикажувале во светлина која можела да ја поткопа неговата јавна положба од гледна точка на читателот. Ниту, пак, тие давале искривена слика за него, и пред се служеле како поткрепа на содржината на интервјуто, илустрирајќи ја вистинитоста на информациите содржани во него .
132. Што се однесува до фотографиите кои го покажувале Принцот со г-ѓа Кост, не е спорно дека тие биле снимени на јавни места на настани кои самите по себе се јавни, па нивното објавување не покренува посбени прашања во околностите на конкретниот случај.
(д) Содржината, формата и последиците од оспорениот напис
133. Владата ги критикуваше жалителките дека им дале на објавените информации сензационалистички карактер и дека не ги селектирале обелоденувањата на г-ѓа Кост со цел да ги исклучат оние што се однесувале на интимни детали од животот на Принцот (видете ставови 71-72 погоре). Од своја страна, домашните судови, истакнале дека оспорената публикација содржела бројни дигресии во врска со околностите на средбата г-ѓа Кост со Принцот, реакцијата на Принцот на објавувањето на бременоста на г-ѓа Кост и последователното однесување кон детето (видете ставови 27 и 36 погоре ).
134. Во оваа смисла, Судот забележува, прво, дека во секојдневното вршење на своите професионални активности, новинарите донесуваат одлуки со кои ја одредуваат линијата на поделба меѓу правото на јавноста да биде информирана и правата на другите на почитување на приватниот живот. Поради тоа, тие имаат примарна одговорност за заштита на поединците, вклучувајќи ги и јавните личности, од било каков упад во нивниот приватен живот. Изборите што ги прават во овој поглед мора да се базираат на етички правила и кодекси на однесување на нивната професија.
135. Второ, Судот повторува дека пристапот кој се користи за покривање дадена тема спаѓа во рамките на слободата на новинарството. Тој нема за задача, ниту пак имаат националните судови, да ги заменат ставовите на печатот во оваа област со своите (видете Jersild, цитирана погоре, § 31). Членот 10 од Конвенцијата, исто така, им остава за новинарите да се одлучат кои детали треба да бидат објавени за да се обезбеди кредибилитет на една статија (видете Fressoz and Roire, цитирана погоре, § 54). Покрај тоа, новинарите можат слободно да изберат, од информациите кои доаѓаат до нив, кои од нив ќе ги обработат и како тие ќе го направат. Оваа слобода, сепак, не е ослободен од обврски (видете ставови 131-132 погоре).
136. Кога станува збор за информација која се однесува на приватниот живот на друго лице, од новинарите се бара да го земат во предвид, колку што е можно, влијанието на информациите и снимките кои треба да се објават, пред нивната дифузија. Особено, некои настани кои се однесуваат на приватниот и семејниот живот уживаат особено внимателна заштита во согласност со членот 8 од Конвенцијата и поради тоа новинарите мора да покажат внимателност и претпазливост при нивното покривање (видете Editions Plon, цитирана погоре, §§ 47 и 53, и Hachette Filipacchi Associés, цитирана погоре, §§ 46‑49).
137. Во конкретниот случај, оспорената публикација била претставена како интервју составено од прашања и одговори, репродуцирајќи ги изјавите г-ѓа Кост без никакви новинарски коментари. Покрај тоа, се чини дека тонот на интервјуто е одмерен и несензационалистички. Забелешките на г-ѓа Кост се јасно препознатливи како цитати и нејзината мотивација, исто така, е јасно изложена за читателите. Исто така, читателите може лесно да направат разлика помеѓу она што е фактички материјал и она што се однесува на перцепцијата на интервјуираната за настаните, нејзиното мислење или нејзините лични чувства (видете став 14 погоре).
138. Судот веќе имал прилика да наведе дека казнувањето на новинар за помагање во дифузијата на изјави дадени од страна на друго лице во интервју претставува сериозно попречување на придонесот на печатот кон дискусиите за прашања од јавен интерес и не треба да се земе во предвид, освен ако постојат особено силни причини за тоа (видете Jersild, цитирана погоре, § 35, и Polanco Torres and Movilla Polanco v. Spain, бр. 34147/06, §§ 47-48, 21 септември 2010). Тој смета дека истиот пристап треба да надвладее во околностите на конкретниот случај, со оглед на тоа, излегувајќи вон рамките на приватниот живот на Принцот, оспорената публикација се однесувала на прашање од јавен интерес, особено со оглед на тоа дека деталите обезбедени од г-ѓа Кост за нејзината врска со Принцот не биле такви да ја поткопаат репутацијата или да предизвикаат презир кон него (споредете Ojala and Etukeno Oy, цитирана погоре, § 56, и Ruusunen, цитирана погоре, § 51). Впрочем, не е спорно дека раскажувањата на г-ѓа Кост за нејзиниот живот и за нејзиниот личен однос со Принцот биле искрени и дека биле верно пренесени од страна на жалителките. Покрај тоа, не постои причина за сонеж дека, при објавувањето на овие раскажувања, намерата на жалителите била да и соопштат на јавноста вест од општ интерес (видете став 116 погоре).
139. Згора на тоа, домашните судови се должни да извршат проценка на оспореното интервју на начин да направат разлика, и балансирање меѓу она што, во личните искази на г-ѓа Кост, можело да се однесува на срцето на приватниот живот на Принцот (споредете Ojala and Etukeno Oy, цитирана погоре, § 56, и Ruusunen, цитирана погоре, § 51) и она што можело да биде од легитимен интерес за јавноста. Сепак, тие не го сториле тоа, негирајќи дека веста за постоењето на син на Принцот имала каква и да „актуелна“ вредност и оценувајќи дека таа не била дел од „каква и да е дебата за прашање од јавен интерес што би го оправдало известувањето за истата врз основа на легитимно соопштување на информацијата на јавноста“ (видете став 36 погоре).
140.Секако, интервјуто било ставено во наративна рамка и придружено со графички ефекти и поднаслови кои биле наменети да го привлечат вниманието на читателот и да го трогнат (видете ставови 15‑16 погоре). Имајќи ги предвид критиките на Владата во однос на ова прашање (видете став 72 погоре), Судот нагласува дека презентацијата на напис и стилот кој се користи во него се предмет на редакциски одлука, за која, во принцип, ниту Судот, ниту домашните судови не се должни да се произнесат. Сепак, тој, исто така, потсетува дека новинарската слобода не е неограничена и дека печатот не смее да пречекори одредени граници во врска со ова, особено „заштитата (...) на правата на другите“ (видете, меѓу другото, Mosley, цитирана погоре, § 113, и MGN, Цитирана погоре, § 141). Во конкретниот случај, Судот смета дека, гледано во целина, оваа наративна презентација, остварена со додавањето на наслови, фотографии и легенди под фотографиите, не ја менува содржината на информацијата и не ја деформира, туку треба да се смета за нејзина транспозиција или илустрација.
141. Покрај тоа, употребата на одредени изрази (видете ставови 15‑16 погоре), најверојатно наменети да го привлечат вниманието на јавноста не може сама по себе да претставува проблем во однос на праксата на Судот (видете Tănăsoaica v. Romania, бр. 3490/03, § 41, 19 јуни 2012 година): списанието не може да биде критикувано за илустрирање на статијата и за обидот да и се даде атрактивна презентација, под услов тоа да не ја менува или деформира објавената информација да не го наведе читателот на погрешни заклучоци.
142. Во однос на фотографиите кои ја илустрираат статијата и го покажуваат Принцот како го држи детето, Судот потсетува најпрво дека, во суштина, членот 10, им остава на новинарите да одлучат дали е потребно или не да се репродуцираат такви документи во поткрепа на информацијата за да се осигура кредибилитетот (видете, особено, Fressoz and Roire, цитирана погоре, § 54, и Pinto Coelho v. Portugal, бр. 28439/08, § 38, 28 јуни 2011 година).
143. Тој понатаму забележува дека Касациониот суд сметал дека „објавувањето на фотографии на лице за да се илустрира содржина која соодветствува на упад во неговата приватност нужно го повредува неговото право на контрола на сопствената слика“ (видете став 36 погоре).
144. Судот смета дека, иако не постои сомнеж во овој случај дека овие фотографии спаѓале во сферата на приватниот живот на Принцот и дека тој не се согласил на нивното објавување, нивната врска со спорната статија не била незабележлива, вештачка или произволна (видете Von Hannover v. Germany (бр. 3),бр. 8772/10, §§ 50 и 52, 19 септември 2013). Нивното објавување можело да се оправда со фактот дека тие придонесувале за кредибилитетот на настаните. Во времето на нивното објавување, со оглед на тоа дека г-ѓа Кост не успеала да го добие нотарскиот акт за признавање на нејзиниот син (видете ставови 14 и 17 погоре), таа не располагала со ниту еден друг доказ кој би и овозможил да ги поткрепи своите искази и евентуално да ги ослободи жалителите од објавувањето на фотографиите. Како последица на тоа, иако објавувањето на овие фотографии го имало за последица изложувањето на приватниот живот на Принцот на јавноста, Судот смета дека тие ги поткрепиле наводите во написот, за кои веќе е утврдено дека придонеле кон дебата од јавен интерес (видете став 113 погоре).
145. Исто така, земени сами или заедно со текстот кој ги придружувал (било да се тоа наслови, поднаслови и легенди или самото интервју), овие фотографии немале клеветнички, пејоративен или обезвреднувачки карактер за сликата на Принцот (споредете Egeland and Hanseid, цитирана погоре, § 61); впрочем, тој не се жалел дека имало повреда на неговата репутација.
146. И на крај, во однос на последиците од оспорениот напис, Судот забележува дека набргу по објавувањето на написот, Принцот јавно го признал своето татковство. Апелациониот суд од Версај сметал во врска со ова дека тој бил „принуден“ да даде јавно објаснување за прашање во врска со неговиот приватен живот (видете став 27 погоре). Од своја страна, Судот смета дека последиците од публикацијата мора да се стават во контекст, во светло на написите кои претходно се појавиле во Дејли Мејл и во Бунте. Меѓутоа, во овој случај се чини дека домашните судови не ги оцениле последиците во поширокиот контекст на меѓународната медиумска покриеност што веќе им била дадена на настаните опишани во статијата. Така, тие не дале тежина на фактот дека тајната на татковството на Принцот веќе била поткопана од претходните статии во другите медиуми (видете ги ставовите 9 и 11 погоре).
(ѓ) Сериозноста на санкцијата
147. Судот потсетува дека, во контекст на оценувањето на пропорционалноста на мерката, без оглед на тоа дали изречената санкција била занемарлива или не, она што е важно е самото тоа дека имало осуда, дури иако кога таа има само граѓанска природа ( видете, mutatis mutandis, Roseiro Bento v. Portugal, бр. 29288/02, § 45, 18 април 2006). Секое непотребно ограничување на слободата на изразување, навистина, го носи ризикот да го попречи, или да го парализира, во иднина, медиумското покривање на слични прашања.
148. Во конкретниот случај, на фирмата на жалителите и било наредено да плати 50 000 евра отштета и да објави соопштение со детали за пресудата. Судот не може да ги смета овие казни за незначителни.
(е) Заклучок
149. Во светло на сите горенаведените причини, Судот смета дека аргументите наведени од страна на Владата во однос на заштитата на приватниот живот на Принцот и на неговото право на сопствената слика, иако релевантни, не може да се сметаат за доволни за да го оправдаат мешањето во прашање. При оценувањето на околностите што биле повикани да ги испитаат, домашните судови не ги зеле доволно во предвид принципите и критериумите за балансирање меѓу правото на почитување на приватниот живот и правото на слобода на изразување утврдени во судската пракса на Судот (видете ставови 142 и 143 погоре). Тие на тој начин го пречекориле просторот за слободна проценка кој им бил доделен и не успеле да постигнат разумен однос на пропорционалност помеѓу мерките за ограничување на правото на жалителите на слобода на изразување што тие ги изрекле и бараната легитимна цел.
Според тоа, Судот заклучува дека имало повреда на членот 10 од Конвенцијата.
...
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ, ЕДНОГЛАСНО,
1. Одлучи дека имало повреда на членот 10 од Конвенцијата;
...
Изготвено на англиски и француски јазик, и потоа прочитано на јавна расправа во Палатата за човекови права, во Стразбур, на 10 ноември 2015 година.
Сорен ПребенсенДин Шпилман
Заменик секретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe ()). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
[1] Мислење за рамнотежата на овластувањата во Уставот и законодавството на Монако, усвоено на 14-15 јуни 2013 година од Европската комисија за демократија преку правото (Венецијанска комисија).
Full & Egal Universal Law Academy