© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ ОСВЕТ
СЛУЧАЈ DE SOUZA RIBEIRO против ФРАНЦИЈА
(Жалба бр. 22689/07)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
Оваа верзија беше коригирана на 18 декември 2012 согласно правило 81 од Правилата на Судот
13 декември 2012
Оваа пресуда е конечна, но може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот de Souza Ribeiro против Франција,
Европскиот суд за човекови права, заседавајќи како Голем судски совет, во состав:
Nicolas Bratza, Претседател,
Françoise Tulkens,
Nina Vajić,
Lech Garlicki,
Corneliu Bîrsan,
Boštjan M. Zupančič,
Alvina Gyulumyan,
Egbert Myjer,
David Thór Björgvinsson,
Ineta Ziemele,
Päivi Hirvelä,
Zdravka Kalaydjieva,
Nebojša Vučinić,
Angelika Nußberger,
Paulo Pinto de Albuquerque,
Erik Møse,
Andre Potocki, судии,
и Michael O’Boyle, Заменик секретар на Големиот судски совет,
Откако расправаше на затворени седници на 21 март и 19 септември 2012,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на вториот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 22689/07) против Република Франција согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на бразилски државјанин, г-н Luan de Souza Ribeiro („жалителот“), на 22 мај 2007.
2. Жалителот го застапуваше г-ѓа D. Monget Sarrail, адвокат кој работи во Кретеј и во Француска Гвајана. Француската Влада („Владата“) ја застапуваше нејзиниот агент, г-ѓа E. Belliard, директор за правни прашања, Министерство за надворешни работи.
3. Жалителот тврдеше дека имало повреда на член 8 од Конвенцијата, земен сам и во врска со член 13, конкретно затоа што тој немал можност да ја оспори законитоста на одлука за отстранување пред нејзиното извршување.
4. Жалбата беше распределена на Петтиот оддел на Судот (правило 52,став 1 од Правилата на Судот). На 9 февруари 2009 Претседателот на тој оддел одлучи да ја комуницира жалбата до Владата. Како што е предвидено со член 29, став 1 од Конвенцијата и правило 54A, беше донесена одлука да се испита основаноста на жалбата во исто време со нејзината допуштеност.
5. На 30 јуни 2011, Судски совет на Петтиот оддел, составен од Dean Spielmann, Претседател, Elisabet Fura, Jean-Paul Costa, Karel Jungwiert, Mark Villiger, Isabelle Berro-Lefèvre и Ann Power, судии и Claudia Westerdiek, Секретар на оддел, донесе пресуда со која жалбата бепе прогласена делумно допуштена и одлучувајќи, со четири гласа против три, дека немало повреда на член 13 од Конвенцијата земен заедно со член 8. Заедничко спротивставено мислење од судиите Spielmann, Berro-Lefèvre и Power беше приклучено кон пресудата.
6. На 27 септември 2011 жалителот побара поднесување на случајот до Големиот судски совет (член 43 од Конвенцијата). Комисија на Големиот судски совет го прифати тоа барање на 28 ноември 2011.
7. Составот на Големиот судски совет беше определен согласно одредбите на член 26 став 4 aи 5 oд Конвенцијата и правило 24.
8. И жалителот и Владата доставија нивни писмени опсервации пред Големиот судски освет. Покрај тоа, заеднички писмени опсервации беа поднесени од Groupe d’information et de soutien des immigrés (GISTI – “Група за информирање и поддршка на имигранти“) Ligue française des Droits de l’Homme (LDH – „Лига за човекови права“) и Comité inter-mouvements auprès des évacués (CIMADE), на кои Претседателот им дозволи да интеревенраат во писмениот дел од постапката (член 36 , став 2 oд Конвенцијата и правило 44 , став 3).
9. Јавна расправа се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 21 март 2012 (правило 59 , став 3).
Пред Судот пристапија:
(a) за Владата
г-ѓаA.-F. Tissier, Ко-агент на француската Влада,
Раководител на оддел за човекови права,
Одделение за правни прашања,
Министерство за надворешни и европски работи ,Агент,
г-нB. Jadot, секретар за подготовка на документи, Одделение за правни прашања,
Министерство за надворешни и европски работи,
г-нS. Humbert, Правен советник на Генералниот секретар за имиграција и интеграција,
г-ѓаC. Salmon, Заменик раководител за правни и институционални прашања, Генерална делегација за прекуморски територии, Советници;
(б) за жалителот
г-ѓаD. Monget Sarrail, адвокат од Француска Гвајана, Застапник,
г-ѓаL. Navennec Normand, адвокат од Вал де Марн, Советник.
Судот слушна обраќања од г-ѓа Monget Sarrail и г-ѓа Tissier како и нивни одговори на прашања поставени од судиите.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
10. Жалителот е роден на 14 јуни 1988 и живее во Ремир Монжоли во Француска Гвајана, француски прекуморски „département и регион“ во Јужна Америка.
11. Тој пристигнал во Француска Гвајана од Бразил во 1992, на четиригодишна возраст, и таму одел на училиште пред да се врати во Бразил во 1994.
12. Во 1995, со туристичка виза, жалителот се вратил во Кајен во Француска Гвајана, каде им се придружил на неговите родители, кои имале карти за постојан престој, и неговите две сестри и двајца браќа, еден од кои имал француско државјанство, додека другиte тројца, кои биле родени на француска територија, имале право да побараат државјанство. Неговите баба и дедо по мајчина страна останале во Бразил.
13. Жалителот одел во основно, а потоа и средно училиште во Француска Гвајана од 1996 до 2004. Затоа што немал соодветни документи за престој и не можел да се пријави за нив додека не наполнел осумнаесет години (види параграф 26 подолу), тој морал да го напушти училиштетп во 2004, кога имал шеснаесет години.
14. На 25 мај 2005 жалителот бил уапсен поради сомневање дека извршил кривично дело поврзано со дрога. Со одлука од 17 мај 2004 на Судот за младинци во Кајен тој бил ставен под судски надзор и му било забрането да ја напушти Француска Гвајана.
15. Со пресуда од 23 октомври 2006 Судот за младинци во Кајен го осудил жалителот на казна затвор од два месеци, условно, чие извршување било одложено за две години ако не стори ново кривично дело, заедно со обврска да се пријавува кај органите и оди на обука, за недозволено поседување на кокаин додека бил малолетен. Во исполнување на пресудата жалителот започнал со курс за професионална обука кој требало да трае од 13 октомври 2006 до 30 март 2007 како дел од планот за социо-професионално насочување и интеграција на Француска Гвајана.
16. На 25 јануари 2007 жалителот и неговата мајка биле застанати при проверка на пат. Затоа што жалителот не можел да покаже доказ дека неговото присуство на француска територија е легално, тој бил уапсен.
17. Истиот ден, во 10 часот, била донесена наредба за административно отстранување (arrêté préfectoral de reconduite à la frontière) и за административен притвор. Во наредбата за отстранување стоело:
„- Со оглед на Европската конвенција за заштита на човекови права и основни слободи од 4 ноември 1950 и особено член 3 и член 8,
...
- Затоа што, според извештај бр.56 од 25/01/2007, подготвен од ГПД [Гранична полиција на Départment] на Француска Гвајана, гореспоменатото лице:
- не може да докаже дека влегло легално на француска територија;
- останало нелегално на француска територија;
- Затоа што, во околностите на овој случај, мора да биде донесена наредба за административно протерување против конкретниот странец;
- Затоа што тоа лице беше информирано за неговото право да поднесе опсервации по писмен пат,
- Затоа пто, во околностите на овој случај, нема несразмерно мешање во правото на семеен живот на лицето,
- Затоа што странецот не тврди дека тој ќе биде изложен на казнување или постапување спротивно на Европската конвенција за човекови права и основни слободи, во случај на негово враќање во неговата земја на потекло (или земјата на вообичаен престој во која тој има право да се врати),
...
Се наредува протерување [на жалителот].“
18. На 26 јануари 2007, во 15.11 часот, жалителот испратил два дописа по факс до Управниот суд во Кајен.
Во едниот имало барање за судска оцена на одлуката за протерување, и се барало нејзино откажување и за прашањето за дозвола за престој. Во поткрепа на неговото барање жалителот тврдел особено дека одлуката била спротивна на член L. 511-4 (2) oд Законот за влез и престојј на странци и баратели на азил (Code de l’entrée et du séjour des étrangers et demandeurs d’asile – „ЗВПСБ“) (види параграф 26 подолу), и исто така, се повикувал на член 8 од Конвенцијата дека надлежните органи очигледно погрешно ги оцениле последиците од неговото отстранување за неговит личен и семеен живот. Тој објаснил дека тој влегол на француска територија пред да наполни тринаесет години, дека тој оттогаш живеел таму постојано, дека неговите родители имале карти за постојан престој, дека еден од неговите браќа добил француско државјанство, а неговиот друг брат и две сестри биле родени на француска територија. Тој исто така истакнал дека тој имал обврска да ги исполни, за две години, условите на неговата осуда, во спротивно на што тој ќе оди во затвор, и дека, како што било наложено со пресудата, тој започнал со курс по механика.
Другиот факс содржел итно барање судот да го одложи извршувањето на наредбата за отстранување со оглед на сериозните сомневања за нејзината законитост. Во поткрепа на неговото барање жалителот повторно се повикал на член 8 од Конвенцијата и ги повторил аргументите споменати во неговото барање за судска оцена, кои покажувале дека поголемиот дел од неговиот приватен и семеен живот бил поминат во Француска Гвајана
19. На 26 јануари, во 16 часот жалителот бил протеран во Белем во Бразил.
20. На истиот датум судијата за итни барања на Управниот суд во Кајен го прогласил неговото итно барање за одложување на неговото отстранување за безпредметно затоа што тој веќе бил депортиран.
Жалителот веднаш побарал правна помош за да се жали до Conseil d’Etat против таа одлука. Со одлука од 6 март 2007 Претседателот на Канцеларијата за правна помош го одбил барањето заради тоа што „немало сериозни причини за кои имало изгледи дека ќе го убедат судот“.
21. На 6 февруари 2007 жалителот поднесол итно барање за заштита на основна слобода (requête en référé liberté) до Управниот суд во Кајен. Повикувајќи се на Конвенцијата и судската пракса на Судот тој се жалел на сериозно и очигледно незаконито мешање на надлежните органи во неговото право да води нормален семеен живот и неговото право на ефикасен правен лек. Тој побарал префектот на Француска Гвајана да добие инструкции да го организира неговото враќање во рок од дваесет и четири часа од доставувањето на одлуката, за да му се овозможи тој ефективно да се брани во однос на наводните повреди на Конвенцијата, и да се обедини со неговото семејство додека префектурата го испитувала неговото право да остане во Француска Гвајана.
Со одлука од 7 февруари 2007 судијата за итни барања на Управниот суд во Кајен го одбил неговото барање, сметајќи во суштина дека мерката која жалителот ја барал во секоја намера и смисла, би претставувала постојана мерка, додека пак судијата за итни барања можел да издава само времени мерки.
22. Во август 2007 жалителот се вратил во Француска Гвајана илегално.
23. На 4 октомври 2007 Управниот суд во Кајен одржал расправа на која го разгледал претходното барање на жалителот за судска оцена (види параграф 18 погоре). Во пресуда донесена на 18 октомври 2007 тој ја укинал одлуката за протерување. Судот воочил посебно дека жалителот тврдел дека тој се вратил во Франција во 1995, на седумгодишна возраст, и после тоа останал таму на постојана основа, и дека во поткрепа на неговите тврдења тој доставил училишни потврди чија автентичност префектот не ја оспорил. Судот одлучил дека е докажано дека мајката на жалителот имала карта за постојан престој и дека неговиот татко исто така живеел во Француска Гвајана. Судот понатаму воочил дека, според одлуката за судски надзор доставена од жалителот, тој бил уапсен во Француска Гвајана во 2005 и му било забрането да ја напушти територијата. Одлучил дека жалителот ги исполнувал условите предвидени во член L. 511-4 (2) oд ЗВПСБ, што значело дека одлуката за протерување не требало да биде донесена.
Во одговор на барањето на жалителот да му даде инструкции на префектот на Француска Гвајана да му издаде дозвола за престој во рок од еден месец од доставување на пресудата, судот сметал дека неговата одлука не го подразбирала нужно прашањето за дозвола за привремен престој, затоа што се однесувала само на укинувањео на одлуката за протерување. Сепак судот определил рок од три месеци во кој префектот требало да го реши прашањето за престојот на жалителот.
24. На 16 јуни 2009 префектурата на Француска Гвајана му издала на жалителот дозвола за престој за „посетители“, која важела една година и со која не му се дозволувало да работи. Истрага покажала дека органите му издале дозвола за „посетители“ по грешка. На 23 септември 2009 на жалителот му била издадена нова дозвола за престој „за приватен и семеен живот“. На дозволата бил ставен датум од јуни 2009, валидна за една година и со неа се дозволувало тој да работи.
Дозволата за престој не била продолжена после нејзиното истекување на 15 јуни 2010, заради проблем со документите потребни за нејзино продолжување. На 14 октомври 2010 на жалителот му била издадена нова дозвола за престој валидна од 16 јуни 2010 до 15 јуни 2011, покасно продолжена до 15 јуни 2012. Жалителот сега има дозвола за престој за „приватен и семеен живот“ која може да се продолжува.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
25. Француска Гвајана е франуски прекуморски département и регион. Француските закони и прописи автоматски важат и таму, иако може да се направи приспособување заради конкретни околности и ограничувања на тие тертитории. Кога станува збор за законите за имиграција, режимот кој важи за прекуморски територии е предвиден во Законот за влез и престој на странци и баратели на азил (ЗВПСБ), со определени разлики.
A. Одредби со кои се регулира престој на странци
26. Релевантните одредби на ЗВПСБ кои биле во сила во релевантниот период се следните:
член L. 313-11
„Освен ако присуството е закана за јавниот ред, дозвола за привремен престој „за приватен и сеемен живот“ ќе биде автоматски издадена:
(1) на странец во годината после неговиот осумнаесетти роденден ... кога барем еден од родителите имал дозвола за привремен или постојан престој....;
(2) на странец во годината после неговиот осумнаесетти роденден...кога тој може да докаже на било кој начин дека тој постојано престојувал во Франција, со барем еден од неговите легтитимни, природни или родители посвоители, од тринаесет годишна возраст, а ако семејната врска е докажана согласно условите во член L. 314-11; не е потребно исполнување на условите во член L. 311-7; ...“
член L. 511-4
„Следните лица нема да бидат должни да ја напуштат француската територија, или да им биде изречена наредба за отстранување, согласно одредбите на оваа глава:
(1) ...;
(2) Странци кои можат да докажат на било кој начин дека тие постојано престојувале во Франција барем од тринаесетгодишна возраст; ...”
27. Овие одредби важат на цела француска територија, вклучително и на прекуморските територии на Франција.
B. Мерки за протерување и жалби до Управен суд
1. Закон со генерална примена
28. Во релевантниот период мерките за протерување биле регулирани со книга V oд ЗВПСБ, воведена со Закон бр. 2006-911 од 24 јули 2006. Во нив спаѓала и обврската да се напушти француската територија (член L. 511-1-I) и административно отстранување (член L. 511-1-II).
29. На странец кој не можел да докаже дека тој или таа влегол/влегла во Франција легално, и кој останал таму нелегално, и на кој/а не можело да му/ ѝ се дозволи да остане по било кој друг основ, можело да му/ ѝ се нареди да си оди, особено преку наредба за административно отстранување (член L. 511-1 до L. 511-3 од ЗВПСБ).
30. Ако странецот бил ставен во административен притвор, тој или таа бил информиран/а за неговите или нејзините права, и имал/а право на правна помош, дадена од здружение во установата за притвор. Овие здруженија биле правни субјекти кои склучувале договори со Министерството одговорно за азил и чија цел била да ги информираат засегнатите странци и да им помагаат да ги остваруваат нивните права. Во 2007, само CIMADE постела во установите за административен притвор. Од 2010 четири други здружнија биле присутни: Ordre de Malte, Association Service Social Familial Migrants (ASSFAM), France Terre d’Asile и Forum des Réfugiés.
31. Жалби против наредби за административно отстранување можеле да се поднесат до управен суд во рок од четириесет и осум часа од нивно доставување (член L. 512-2 oд ЗВПСБ). Со жалбата се одложувало извршувањето на наредбата за отстранување но, не спречувала странецот да биде ставен во административен притвор. Странецот не можел да биде депортиран пред истек на рокот за жалба или – ако случајот бил поднесен пред суд – пред судот да донесе одлука (член L. 512-3 oд ЗВПСБ). Одлуката во однос на земјата на депортација биле одвоена од самата одлука за депортација. Ако таа одлука била оспорена во исто време со одлуката за отстранување, жалбата исто така имала суспензивно дејство (член L. 513-3 oд ЗВПСБ).
32. Жалбата била во форма на барање за судска оцена, без разгледување на прашањето за надомест на штета. Одлуката на управниот суд затоа се фокусирала само на законитоста на одлуката за отстранување. Судот ја оценувал сразмерноста на причините на јавна политика со основната слобода (слободи) на која/кои се повикувал странецот. Кога оценувал жалба против одлука со која се утврдува земјата во кој странецот треба да биде протеран, судот оценувал дали има согласност со член 3 од Конвенцијата. Тој исто така ја оценувал пропорционалноста на целите кои требало да се остварат со наредбата за отстранување во однос на мешањето во приватниот и семејниот живот на странецот заштитени со член 8 од Конвенцијата.
33. Управниот суд бил должен да донесе одлука во рок од седумдесет и два часа.
34. Можело да се поднесе жалба против пресуда на управниот суд до претседател на Апелациониот управен суд кој има територијална надлежност или до лице кој тој го делегирал. Жалбата немала суспензивно дејство (член R. 776-19 oд Законот за управни судови).
35. Последиците од укинување на одлука за административно протерување биле регулирани со член L. 512-4 oд ЗВПСБ. Најпрво, со тоа се ставало крај на административниот притвор или куќен притвор. На странецот потоа му се издавала дозвола за привремен престој додека управниот орган одлучувал за неговиот или нејзиниот случај. На крај, судијата одговорен за случаи на протерување не само штто го враќал странецот назад на управните органи , согласно член L. 911-2 oд Законот за управни судови, тој исто така му наредувал на префектот да одлучи дали лицето имало право на дозвола за престој, „без оглед на тоа дали тој или таа побарал/а таква дозвола“ и одредувал рок во кој ситуацијата на конкретниот странец требало да се оцени (види, на примр, Conseil d’Etat, 13 октомври 2006, жалба бр. 275262, M. Abid A.).
36. Сепак, пресуда на управен суд со која се укинува наредбата за отстранување не го обврзувала префектот да издаде дозвола за престој, затоа што не се однесувала на укинување на одлука за одбивање да се издаде дозвола за престој (види ја водечката пресуда на Conseil d’Etat oд 22 февруари 2002, жалба бр. 224496, Dieng, следена во други случаи). Tоа важело дури и кога одлуката за укинување наредбата за отстранување била заснована на сериозни причини, како пто е повреда на член 8 од Конвенцијата. Според судската пракса, оцена на ситуацијата на лицето била доволна за целосно да се изврши одлука со која се укинува наредбата за отстранување од сериозни причини. Сепак, принципот на рес јудиката го спречува управниот орган да издаде нова одлука за протерување по истите основи ако не покаже промена во околностите.
37. Овие одредби (види параграфи 28 и 36 погоре) биле делумно изменети со Закон бр. 2011-672 за имиграција, интегарција и државјанство oд 16 јуни 2011, со кој се хармонзирала процедурата за протерување на странци. Решенијата претходно усвоени во судската пракса во однос на мерки за административно протерување генерално може да најдат примена во сегашната ситуација.
2. Законот кој е применлив во Француска Гвајана
38. Релевантните одредби од ЗВПСБ, во верзијата која важела во релевантниот период, гласеле:
член L. 514-1
„Во смисла на овој дел, следните одредби ќе се применуваат во Француска Гвајана и Свети Мартин:
(1) Ако конзуларниот орган така побара, наредбата за отстранување нема да биде извршена до еден ден откако била доставена;
(2) Без влијание на одредбите на претходниот став, странец на кој му било наредено да ја напушти француската територија или против кој била донесена одлука за административно отстранување, и кој ќе го достави случајот до управен суд може, во исто време да побара запирање на извршувањето.
Последователно, одредби на член L. 512-1 и L. 512-2 to L. 512-4 [според кои наредбата за отстранување донесена од префектот може да биде оспорена пред управен суд во рок од четириесет и осум часа, со суспензивно дејство врз извршувањето на наредбата за отстранување] нема да се применуваа на Француска Гвајана или Свети Мартин.“
39. За разлика од обичниот француски закон, затоа (види параграф 31 погоре), жалба до управен суд не го запира извршувањето на наредбата за отстранување. Овој исклучок, првично воведен за ограничено време, станал постојан со Законот за национална безбедност на Француска Гвајана (Закон бр. 2003‑239 oд 18 март 2003).
40. Кога било побарано да ја оцени усогласеноста на оваа мерка со францускиот Устав, како што е предвидено со член 61 од Уставот, Уставниот совет ја одобрил. Во неговата одлука бр. 2003-467 oд 13 март 2003, кога ја оценувал согласноста на оваа мерка со член 73 од Уставот, Уставниот совет воочил:
„Членовите 141 и 142 [од Законот за национална безбедност] ги прават специјалните одредби ....постојани во Француска Гвајана и во општината Свети Мартин во Гвадалупе, според тие одредби одбивањето да се издаде дозвола за престој на некои странци не е доставено за мислење на комитетот за дозволи за престој предвиден со член 12 quater oд одлуката од 2 ноември 1995, и жалбата против наредбата за отстранување нема суспенизвно дејство.
Пратениците кои го поднеса барањето тврдат дека со тоа што специјалниот режим го прават постојан, членовите 141 и 142 се мешаат во уставно заштитените права и гаранции како што се правото на одбрана, и одат подалеку од приспособувањата на законите на прекуморски départements дозволени со член 73 од Уставот.
За да се дозволи конкретната ситуација и трајните тешкотии со кои се соочува во однос на меѓународното движење на луѓе во département Француска Гвајана, Парламентот го одржа специјалниот режим воведен со член 12 quater и член 40 од одлуката од 12 ноември 1945, спомената погоре, без да се наруши рамнотежата, која е наложена со Уставот, помеѓу потребите на јавната политика и заштитата на правата и слободите гарантирани со Уставот. Засегнатите лица и натаму го уживаат правото на жалба против административни мерки, и особено правото да поднесат итни барања до управен суд. Со оглед на специјалните околности, кои се директно поврзани со конкретната цел на зајакнување на борбата со нелегална имиграција, законот не го повредува уставниот принцип на еднаквост. Приспособувањата за кои станува збор не се спротивни на член 73 од Уставот....“
41. Во однос на протерувањето на странците, францускиот закон предвидува слични исклучоци во шест прекуморски „départements и региони“ и заедници (Гвадалупе, Мајот, Валис и Футуна, Свети Вартоломеј, Свети Мартин, Француска Полинезија) и Нова Каледонија.
В. Итни барања
42. Законските одредби со кои се регулираат итни барања за запирање на извршување или за заштита на основна слобода (référé suspension или référé liberté) се автоматски применливи во Француска Гвајана, исто како што се применуваат и во Франција, Релевантните одредби од Законот за управни судови:
член L. 521-1
„Кога е поднесено барање за укинување или преиначување на управна одлука, вклучително и на одбивателна одлука, судијата за итни барања може да нареди извршувањето на одлуката или некои од нејзините последици да бидат запрени кога итниот карактер на случајот го наложува тоа и кога пима ричини кои можат да предизвикаат сериозно сомневање, според доказите, за законитоста на одлуката.
Кога ќе се донесе одлука со која се запира извршувањето, ќе се донесе одлука колку е можно побрзо за барањето за укинување или преиначување на одлуката. Прекинот на извршувањето ќе заврши најкасно кога ќе се донесе одлука по барањето за укинување или преиначување на одлуката.“
член L. 521-2
„Судијата за итни барања, кога такво барање е поднесено до него или неа како итен случај, може да нареди какви било мерки кои се потребни за заштита на основна слобода која била повредена на сериозен и очигледно незаконит начин од страна на јавно-правен субјект или приватно=правна организација која е одговорна за раководење со јавен сервис, во вршењето на нивните овластувања. Судијата за итни барања ќе одлучи во рок од четириесет и осум часа.“
43. При одлучувањето во случај кој се однесува на Француска Гвајана, поднесен согласно член L. 521-1 oд Законот за управни судови, Conseil d’Etat посочил:
„Итноста на случајот оправдува запирање со извршувањето на административна мерка кога нивното извршување на доволно сериозен и непосреден начин, ќе наруши јавен интерес, ситуацијата на жалителот или интересите кои тој сака да ги заштити. На судијата за итни барања до кој е поднесено барање за запирање на извршување на одлука да се издаде дозвола за престој е да ја оцени итноста и да даде причини, со оглед на непосредниот импакт на одбивањето да се издаде дозвола за престој врз практичната ситуација на засегнатото лице. Затоа што член L. 514-1 oд Законот за влез и престој на странци и баратели на азил стипулира дека член L. 512-1 oд истиот Закон не се применува во Француска Гвајана, жалба на странец против одлука за одбивање да се издаде дозвола за престој, заедно со обврска да се напушти француската теруторија и да се оди во конкретна земја, не го запира извршувањето на обврската да се напушти француската територија.“
44. Conseil d’Etat во овие околности, понатаму сметал дека:
„изгледите дека мерка за протерување може да се изврши во било кое време...може да се смета дека ја карактеризираат итната ситуација која отвора можност судијата за итни барања да го запре извршувањето на одлуката за одбивање да се издаде дозвола за престој, заедно со обврска да се напушти француската територија, во согласност со одредбите на член L. 521-1 oд Законот за управни судови.” (Conseil d’Etat, 9 ноември 2011, M. Takaram A., бр. 346700, издание Lebon)
Г. Мислење бр. 2008-9 на Државната комисија за етика во полициското работење
45. Државната комисија за етика во полициското работење (Commission nationale de déontologie de la sécurité) по жалба поднесена на 23 јануари 2008, ги разгледувала околностите во кои г-н Ц.Д., бразилски државјанин, бил застанат на 12 ноември 2007 од мобилна единица за истрага на Граничната полиција на département Француска Гвајана, бил уапсен и притворен до неговото протерување, и потоа починал шест часа откако бил хоспитализиран во Кајен.
46. Во нејзиното мислење од 1 декември 2008, Државната комисија за етика во полициското работење воочила:
„постоењето во рамките на пограничната полиција на Француска Гвајана, од 2006 до 30 јануари 2008 – кога двете единици за патрола на јавен пат на мобилната единица истраги биле распуштени – на работни методи и практики на процесуирање кои, затскриени како формални легтимни процедури, систематски ги пррекршувале сите принципи на кривичната постапка и особено најосновните права на лицата кои се уапсени, ...со намерно фалсификување на времето споменато во нивните извештаи, или користење на ондапред испечатени формулари со кои лицата кои биле апсени или притворани се откажувале од нивните права пред да имаат шанса да ги изразат нивните желби во однос на случајот.
Поради систематскиот и долготраен карактер на овие повреди на законот...Комисијата силно препорачува да ...
се преземат дисциплински мерки против сите...кои ги потттикнувале или применувале или дозволиле да продолжат тие практики толку долго време ...
Поопшто, Комисијата бара сите кои служат во прекуморски територии да бидат потсетени дека:
...
во борбата против нелегалната имиграција бројот на ефективни протерувања кој е баран од централните органи не смее на никој начин да влијае врз квалитетот и законитоста на процедурите;
и какви и да се правните чекори преземени после апсење – притворање, проверка на идентитет, административен притвор – засегнатите лица имаат права за кои полицијата има должност да ги информира во пракса, на јазик кој го разбираат, за да им овозможат да ги остваруваат ницните права ефективно и не само тоа така да се чини.“
III. РЕЛЕВАНТНИ МЕЃУНАРОДНИ ИНСТРУМЕНТИ И ПРАКСА
A. Инструменти на Советот на Европа
1. Комитет на министри
47. На 4 мај 2005 Комитетот на министри усвои „Дваесет упатства за присилно отстранување“. Релевантните насоки гласат:
„Упатство 2. Носење на наредба за отстранување
Наредбите за отстранување ќе се издаваат само врз основа на одлука донесена во согласност со закон.
1. Наредба за отстранување ќе биде издадена само кога органите на државата домаќин ги разгледале сите релевантни информации со кои располагаат, и се убедени, колку што тоа може разумно да се очекува, дека почитување на извршувањето на одлуката, лицето кое треба да се врати нема да го изложи на:
a. вистински ризик дека ќе биде егзекутирано, или изложено на тортура или на нечовечко или понижувачко постапување или казнување;
б. вистински ризик дека ќе биде убиено или подложено на нечовечко или понижувачко постапување од страна на недржавни субјекти, ако органите на земјата на враќање, партиите или организациите кои ја контролираат државата или значителен дел од територијата на таа држава, вклучувајќи меѓународни организации, не можат или не се подготвени да обезбедат соодветна и ефективна заштита
или
в. други ситуации кои согласно меѓународното право или домашен закон, би оправдале доделувањње на меѓународна заштита.
2. Наредбата за отстранување ќе биде издадена само откако органите на државата домаќин, ги разгледале сите релевантни информации со кои располагаат, и се убедени, дека можното мешање во правото на почитување на семејниот и приваатниот живот на лицето кое се враќа е, особено, пропорционално и со него се остварува легитимна цел.
...
Упатство 5. Правен лек против наредба за отстранување
1. Со наредбата за отстранувањњ, или во процесот кој води кон наредба за отстранување на лицето на кое таа наредба се однесува ќе му биде обезбеден ефикасен правен лек пред надлежен орган или тело, составено од членови кои се непристрасни и кои имаат гаранции за незавизност. Надлежниот орган или тело ќе има моќ да ја оцени наредбата за в отстранување, вклучувајќи ја и можноста привремено да го запре нејзиното извршување.
2. Правниот лек ќе ги овозможи потребните процедурални гаранции и ќе ги има следните карактеристики:
– временските рокови за користење на правниот лек нема да бидат неразумно куси;
– правниот лек ќе биде достапен, што подразбира особено дека, кога лицето на кое се однесува наредбата за отстранување нема доволно средства за да плати за неопходна правна помош, помошта треба да се даде бесплатно, во согласност со релевантните национални правила за правна помош;
– кога лицето кое се отстранува тврди отстранувањето ќе доведе до повреда на неговите или нејзините човекови права наведени во упатство 2.1, правниот лек ќе обезбеди ригорозна оцена на таквото тврдење.
3. Употребата на правниот лек ќе има суспензивно дејство кога лицето кое се отстранува има докажливо тврдење дека тој или таа ќе биде подложен/а на постапување спротивно на неговите или нејзините човекови права наведени во упатство 2.1.“
2. Комесар за човекови права
48. Комесарот за човекови права даде препорака во однос на правата на странците кои сакаат да влезат во држава членка на Советот на Европа и извршување на наредби за протерување (CommDH(2001)19). Оваа препорака од 19 септември 2001 го содржи следниот параграф:
„11. Од суштинска важност е правото на правен лек, во смисла на член 13 од ЕКЧП, да биде не само гарантирано со закон туку исто така и дадено во пракса кога лице кое тврди дека належните органи ги повредиле или веројатно ќе повредат право гарантирано со ЕКЧШ. Правото на ефикасен правен лек мора да се гарантира на секому кој сака да оспори наредба за враќање или протерување. Тој лек мора да може да го одложи извршувањето на наредба за протерување, барем кога се наведува повреда на член 2 или 3 од ЕКЧП.“
Б. Директива 2008/115/EC на Европскиот парламент и Европскиот совет од 16 декември 2008 за заеднички стандарди и процедури на државите членки за враќање на државјани на трети земји кои престојуваат илегално („Директивата за враќање“)
49. Релевантните делови од член 5, 12 и 13 од Директивата гласат:
член 5
„Невраќање, најдобрите интереси на детето, семеен живост и здравствена состојба
При имплементација на оваа Директива, државите членки ќе ги земат предвид:
(a) најдобрите интереси на детето;
(б) семејниот живот;
(в) здравствената состојба на засегнатиот државјанин на трета земја;
и почитувањето на принципот на невраќање.“
Глава III
ПРОЦЕДУРАЛНИ ГАРАНЦИИ
член 12
„Форма
1. Одлуките за враќање и, ако се издаваат, одлуките за забрана на влез и одлуките за отстранување се издаваат во писмена форма и даваат причини во однос на фактите и правото, како и информации за достапните правни лекови.
...„
член 13
„Правни лекови
1. На засегнатиот државјанин на трета земја ќе му биде обезбеден ефикасен лек да се жали против или да бара оцена на одлуките кои се однесуваат на враќање, споменати во член 12(1), пред надлежен судски или административен орган или надлежно тело составено од членови кои се непристрасни и кои имаат гаранции за независност.
2. Органот или телото споменати во став 1, ќе имаат надлежност да ги оценат одлуките кои се однесуваат на враќање, споменати во член 12(1), вклучително и можност за привремено да го одложат нивното извршување, освен ако приврементото одложување е веќе предвидено согласно национални закони....“
В. Завршни забелешки на Комитетот за човекови права на Организацијата на Обединетите нации за четвртиот периодичен извештај на Франција
50. Во согласност со член 40 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, на 9 и 10 јули 2008, Комитетот за човекови права го разгледа четвртиот периодичен извештај на Франција (CCPR/C/FRA/4). На 22 јули 2008, тој ги усвои неговите завршни забелешки (CCPR/C/FRA/CO/4) за тој извештај, во кои спаѓаат следните:
„... на лицата кои се депортираат од прекуморската територија на Мајот не им е достапно им обраќање до суд, што вклучува околу 16,000 возрасни и 3,000 деца годишно, тоа не е случај ниту во Француска Гвајана....
Државата договорничка треба да осигура дека враќањето на странски државјани, вклучително баратели на азил, се оценува преку правичен процес со кој ефективно се исклучува вистински ризик дека било кое лице ќе се соочи се сериозни повреди на човековите права после неговото враќање..
Странските државјани и баратели на азил кои се без документи мора правилно да бидат информирани за нивните права, вклучително и правото да побараат азик, со пристап до бесплатна правна помош. Државата договорничка исто така треба да осигура дека сите лица кои се предмет на наредби за депортација имаат доволно време за да подготвтат барање за азил, со гарантиран пристап до толкувачи, и право на жалба со суспензивно дејство“ (последните два параграфи се во болд во оригининалниот текст)
ПРАВО
I. ОПСЕГ НА СЛУЧАЈОТ ПРЕД ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
51. Во нејзините аргументи пред Големиот судски совет, Владата поднесе претходен приговор во однос на жалбениот навод по член 8 од Конвенцијата. Во неговата пресуда од 30 јуни 2011, сепак, Судскиот совет го прогласи жалбениот навод за немање на ефикасен правен лек (член 13 и член 8 од Конвенцијата земени заедно) за допуштен, а наводот за неоправдано мешање во правото на жалителот на почитувањен а неговиот приватен и семеен живот (само по член 8 од Конвенцијата) за недопуштен. Судскиот совет го отфрли вториот навод како неспојлив ratione personae со Конвенцијата затоа што жалителот не можел да се смета за „жртва“ во смисла на член 34. Големиот судски совет затоа само ќе го разгледа жалбениот навод прогласен за допуштен од Судскиот совет, затоа што „случај“ кој е доставен до Големиот судски совет е жалбата во делот во кој била прогласна за допуштена од Судски совет (види, помеѓу други претходни пресуди, K. and T. v. Finland [GC], no. 25702/94, §§ 140-141, ECHR 2001-VII, и Taxquet v. Belgium [GC], no. 926/05, § 61, ECHR 2010).
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 13 ВО ВРСКА СО ЧЛЕН 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
52. Жалителот се жалеше дека тој немал ефикасен правен лек согласно француското право во однос на неговиот навод за незаконито мешање во неговото право на почитување на неговиот приватен и семеен живот како последица на неговото протерување во Бразил. Тој се повика на член 13 од Конвенцијата земен во врска со член 8, кои гласат:
член 8
„1. Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.“
член 13
„ Секој, чии права и слободи признати со оваа Конвенција, се нарушени, има право на ефикасен правен лек пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при постапувајќи во службено својство.“
A. Пресуда на Судскиот совет
53. Во неговата пресуда од 30 јуни 2011 Судскиот совет воочил дека Управниот суд во Кајен ја укинал одлуката за отстранување против жалителот како незаконита на 18 октомври 2007, речиси девет месеци после неговото отстранување во Бразил. Советот исто така воочил дека нему не му била издадена дозвола за престој која му овозможува да живее легално во Француска Гвајана. Врз таа основа, Судскиот совет сметал дка во моментот на отстранувањето на жалителот во Бразил се отворило сериозно прашање за компатибилноста на отстранувањето со член 8 од Конвеницијата. Советот сметал дека жалителот имал „докажлив“ навод [“arguable” complaint] во смисла на член 13 од Конвенцијата и во смисла на судската пракса на Судот. Затоа Судскиот совет понатаму ја разгледал основаноста на жалбениот навод и ефикасноста на правниот лек кој бил достапен на жалителот во Француска Гвајана. Тој одлучил дека правниот лек кој жалителот можел да го употреби пред Управниот суд во Кајен му овозможил одлуката за отстранување да биде прогласена за противправна и потоа да добие дозвола за престој, иако затоа што немал суспензивно дејство, жалителот бил отстранет пред Управниот суд да може да го разгледа случајот. Судскиот совет понатаму воочил дека отстранувањето на жалителот не ги прекинало трајно неговите семејни врски, затоа што тој можел да се врати во Француска Гвајана некое време откако бил отстранет – иако нелегално на почеток – и му била дадена дозвола за престој. Со оглед на, меѓу другото, слободата на оценување која државите ја имаат во вакви случаи, Судскиот совет одлучил дека немало повреда на член 13 од Конвенцијата во врска со член 8.
Б. Аргументи на странките пред Големиот судски совет
1. Владата
(a) Статус на жртва на жалителот
54. Владата истакна дека жалителот не можел повеќе да тврди дека е „жртва“ во смисла на член 34 од Конвенцијата или согласно судската пракса на Судот.
Tаа изјави дека домашните власти ја потврдиле и потоа ја поправиле наводната повреда на член 13 во врска со член 8 од Конвенцијата со издавањето на дозвола за престој на жалителот. Понатаму, и покрај извршувањето на одлуката за отстранување, Управниот суд одлучил дека одлуката треба да се укине, а не само да се прекине постапката, што покаувало дека правниот лек бил ефикасен.
55. На расправата Владата исто така посочи дека илегалниот статус на жалителот во Француска Гвајана во моментот на неговото апсење било последица на негова небрежност, затоа што тој не се пријавил да го регулира неговиот административен статус иако автоматски имал право на дозвола за престој. Според Владата, со тоа овој случај јасно се разликувал од случајот Gebremedhin [Gaberamadhien] v. France (no. 25389/05, ECHR 2007‑II), каде жалителот, државјанин на Еритреја, побарал влез во Франција како барател на азил. Во тој случај, сепак, ако не била привремена мерка наредена од Судот, фактот што жалбата против одлука да не се дзволи влез на лицето во земјата немала суспензивно дејство би им оневозможил на домашните органи да ја поправат наводната повреда на член 3 од Конвенцијата. Затоа жалителот во тој случај имал докажлив навод, за разлика од жалителот во случај по кој сега се одлучува.
(б) Почитување на член 13 во врска со член 8 од Конвенцијата
56. Повикувајќи се на судската пракса на Судот, Владата тврдеше дека ефикасноста на еден правен лек не зависела, во принцип, од неговото суспензивно дејство, во смисла на член 13 освен кога можело да има „потенцијално неповратни последици“ спротивни на член 3 од Конвенцијата и член 4 од Протокол бр. 4. Во овој случај, одлуката да се отстрани жалителот била оспорена пред управниот суд, кој ја укинал, со што му овозможил на жалителот да се врати во Француска Гвајана. Жалителот затоа имал пристап до ефикасен правен лек. Владата нагласи дека семејните врски на жалителот не биле трајно прекинати и немале неповратни последици. Во моментот на неговото отстранување жалителот имал осумнаесет години, бил самец, немал деца и бил во добра здравствена состојба. Тој бил вратен во земја во која живееле неговите баба и дедо и неколку месеци покасно можел да се врати во Француска Гвајана и да продолжи со својот живот без проблеми. Следувало, според Владата, дека жалителот имал ефикасен правен лек.
Понатаму Владата сметаше дека Судскиот совет имал а приори пристап, образложувајќи дека мешањето на органите во право од член 8 не било, во принцип, неповратно, освен ако лицето завршило трагично или било особено ранливо. Владата истакна, сепак, дека таквите конкретни случаи влегувале во опсег на член 3 и правниот лек автоматски би имал суспензивно дејство. Случајот на жалителот несомнено влегувал во опсегот на член 8, и го илустрирал принципот на отсуство на потенцијално неповратни последици.
57. Според Владата, жалителот не покажал како, мешање во правото на почитување на нечиј приватен и семеен живот можело да има неповратни последици. Иако неговото илегално враќање во Француска Гвајана можело да биде ризично, на фактот што тој го прекршил законот без да ја чека дури ни одлуката на Управниот суд во однос на жалбата не можел да се гледа поинаку освен како на одговорност на жалителот. На крај, Влаата посочи дека после пресудата на домашниот суд, жалиелот добил привремена дозвола да остане. Фактот што органите не можеле да издадат прва дозвола за престој до 16 јуни 2009 бил вина на жалителот, затоа што тој не нашол за пригодно да ги поднесе потребните документи и не направил никаков напор да ја регулира неговата ситуација кога било побарано да го стори тоа.
58. Владата истакна дека исклучокот кој се применувал во Француска Гвајана влегувал во полето на слободна оцена [margin of appreciation] кое им е дадено на државите во однос на начинот на кој ги исполнувале обврските од член 13 од Конвенцијата. Исклучокот од принципот за правен лек со суспензивно дејство бил оправдан со посебниот притисок на нелегална имиграција во Француска Гвајана. Илегалната имиграција и криминалните мрежи кои неа ја олеснувале биле охрабрени од посебната топографија таму, која ги правела границите порозни и невозможни да се чуваат ефикасно. Понатаму, со оглед на големиот број на наредби за отстранување издадени од префектот на Француска Гвајана, воведувањето на правен лек со автоматско суспензивно дејство би можело да ги преоптовари управните судови и негативно да влијале врз правилното делење на правдата. Исклучокот бил исто така оправдан со потребата да се одржи определен еквилибриум во Француска Гвајана и блиските билатерални врски кои Франција ги имала соседните земји.
59. Во секој случај, иако немало правен лек со автоматско суспензивно дејство, итните барања за запирање на извршувањето биле многу користени, и биле употребени и од жалителот. На расправата Владата всушност посочи дека затоа што пресудата донеснеа од Conseil d’Etat во случајот била понова нејзиниот прецизен опсег требало допрва да се дефинира. Пресудата се чинело дека му давала на судијата за итни барања овластување да го запре извршувањето на наредба за отстранување кога имало ризик таа да биде применета во секое време и имало сериозни причини за сомневање во нејината законитост (види параграфи 43 и 44 погоре).
60. Што се однесува на тоа дали судската пракса на Судот била конзистентна, Владата изјави дека била таква. Немало потреба за правен лек со суспензивно дејство кога член 13 се земал заедно со член 8 од Конвенцијата. Во такви случаи Судот правел правилна оцена на пропорционалноста на отстранувањето во однос на целта која требало да се оствари. При тоа Судот ги применувал критериумите наведени во неговата судска пракса (на пример, Boultif v. Switzerland, no. 54273/00, ECHR 2001‑IX). Затоа ефикасноста на правниот лек не зависела од тоа дали тој лек има суспензивно дејство. На расправата Владата додаде дека отстапување од овој принцип би ја поткопало конзистентноста и јасноста на судската пракса на Судот.
61. Владата заврши повикувајќи го Судот да ја потврди пресудата донесена од Судскиот совет.
2. Жалителот
(a) Статус на жртва
62. Жалителот тврдеше дека, како во случајот Gebremedhin, цитиран погоре, тој сѐ уште можел да тврди дека е жртва во смисла на член 34 од Конвенцијата. Според него, наводната повреда на член 13 во врска со член 8 од Конвенциата веќе настанала до моментот во кој управниот суд донесол пресуда. На расправата тој објасни дека во моментот на неговото апсење и отстранување тој само што наполнил осумнаесет години, и како последица, според француското право, тој требало да може да го регулира својот статус до јуни 2007 (види параграфи 26 и 27 погоре). Тој сепак бил протеран и принуден да ризикува и да му плати на криумчар илегално да го врати во Француска Гвајана.
Повикувајќи се на заклучокот донесен од Судскиот совет во неговата пресуда, жалителот истална дека неговиот навод бил докажлив и отворал сериозно прашање во моментот на неговото отстранување.
(б) Почитување на член 13 во врска со член 8 од Конвенцијата
63. Жалителот го критикуваше исклучокот во законот на Француска Гвајана кој му оневозможил да има ефикасен правен лек за да го одбрани својот жалбен навод по член 8 од Конвенцијата.
64. Тој објасни дека спротивно на она што одлучил Судскиот совет, повреда на правото на почитување на приватниот и семејниот живот можела да има потенцијално неповратни последици кога се депортирале странци. Во неговиот случај последиците можеле да бидат неповратни и всушност и биле такви, барем од психолошки аспект. Тие не можеле да се оценат екс пост факто со оглед на тоа што тој имал среќа да успее да се врати во Француска Гвајана после неговото незаконито протерување. Исто така не било прифатливо тоа што тој морал да му плати на криумчар да го врати во Француска Гвајана, да се изложи на голем ризик, кога на органите им требало две години за да постапат по судската одлука наместо во рок од три месеци колку што им биле определени. Според жалителот, фактот што требало две години да поминат за да добие дозвола за престој бил последица на „напнати“ односи со управните органи, кои барале тој да достави бројни документи, и од кои не биле сите релевантни..
65. Жалителот се повика на реалноста на ситуацијата во Француска Гвајана, каде десет илјади до четириесет илјади илегални имигранти биле отстранувани секоја година. Според жалителот, таквите бројки оневозможувале да се оцени секоја поединечна ситуација пред протерување. Повеќето од наредбите за отстранување биле извршувани во рок од четириесет и осум часа, со само многу површно формално известување и само се потпишувале на куп, како што било откриено со истрагата спроведена од Државната комисија за етика во полициското работење (види параграфи 45 и 60 погоре). Тие се однесувале на најразлични случаи, вклучувајќи родители принудени да ги остават нивните деца, кои потоа се ставале во дом, непосредно влијаејќи на нивниот семеен живот. Потенцијалот за неповратни последици бил уште поголем затоа што не биле барани претходни проверки од органите или судовите.
66. Жалителот потоа се повика на судската пракса на Судот за меѓународно одземање на деца, според која со поминувањето на време можело да има неповратни последици врз одностите помеѓу детето и родителот со кој детето не живее. Тој истакна дека овој пристап можел да се примени при отстранување на странци.
67. Понатаму, тој тврдеше, дека условот за правниот лек да има суспензивно дејство во врска со навод по член 8 би бил во согласност со генералниот тренд во судската пракса поставен во пресудата
Čonka v. Belgium (no. 51564/99, ECHR 2002‑I) и логички би ја засилил супсијидарноста на улогата на Судот.
68. Жалителот исто така истакна дека полето на слободна оцена дадено на државите во случајот не можело да го оправда исклучокот кој се применувал во Француска Гвајана со оглед на обврската на Франција да ги промовира правата од Конвенцијата.
69. На крај, жалителот истакна дека пресудата на Судскиот совет била спротивна на условите на Европската унија, и особено Директивата 2008/115/EC на Европскиот парламент и совет.
3. Groupe d’information et de soutien des immigrés[Група за информирање и поддршка на имигранти] (GISTI), Ligue française des droits de l’homme et du citoyen []Лига за човекови права] (LDH) i Comité inter‑mouvements auprès des évacués (CIMADE), вмешувачи трети страни
70. Во заеднички поднесок вмешувачите објаснија дека прекуморските територии на Франција биле карактеризирани со исклучоци од законот кој се применува во територијална Франција кога се во прашање правата на мигрантите. Овие територии всушност биле простор за тестирање на имиграциони политики и полициски практики. Во Француска Гвајана, на пример, за разлика од територијална Франција, полицијата можела да спроведува општа проверка на идентитет брз претходна дозвола на јавен обвинител. Условите во прифатни центри биле незадоволителни, а протерувањата од Француска Гвајана биле вршени брзо и во голем обем. Во 2010, на примр, 6,073 лица биле ставени во центар за административен притвор, кој имал капацитет од триесет и осум места, и 4,057 биле протерани откако биле држени во просек 1-4 дена. Во истата година само 717 (11.8%) од 6,073 лица кои биле држени таму биле изведени пред судија за слободи и притвор. Според третите страни, таквите резултати биле во целост последица на отсуството на правен лек со суспензивно дејство на штета на основните права и слободи заштитени со Конвенцијата. Тој недостаток на правен лек со суспензивно дејство важел дури и за странци кои тврделе дека има повреди на член 2 и 3 од Конвенцијата или член 4 од Протокол бр. 4 – спротивно на судската пракса на Судот.
71. Целта на исклучоците од суспензивно дејство во постапката – и исто така и во користените полициски методи – била да се олесни протерувањето на странци кои престојуваат илегално. Методите користени од полицијата биле критикувани од Државната комисија за етика во полицското работење, која разгледала неколку сериозни случаи во 2008 (вклучувајќи смрт на лице кое било држено во притвор во полиција и административен притвор), Процентот на протерување во прифатниот центар во Кајен бил 80% (во споредба со 20% до 30% во територијална Франција). Често протерувањето било само прашање на пренесување на илегалните имигранти со брод преку реката, така што траело многу кусо (помалку од 4 часа). Бразил бил единствената земја со која Франција склучила договор за реадмисија од Француска Гвајана, што овозможило да се протеруваат бразилски државјани без никакви формалности. Заминувања за Бразил биле организирани секој ден и засегнатите лица биле држени толку кратко време да било тешко CIMADE да им помогне со правните формалности.
72. Во пракса, големо мнозинство од протерувањата биле вршени без судска контрола и наредбите за протерување им биле доставувани на засегнатите лица и извршувани во отсуство на било каков вистински заштитен механизам кој обезбедува оцена на нивната законитост. CIMADE забележа, на пример, дека некои лица кои биле отстранети – после изјавување на жалба заедно со итно барање за запирање на извршувањето - пред, или во некои случаи дури и откако – прифатниот центар да добие извсстување за рочиште. Откако засегнатото лице ќе било отстрането, неговото итно барање станувало безпредметно и судот ја запирал постапката.
73. Притворените лица често барале од префектурата да ја преразгледа својата одлука. Иако префектурата имала целосна дискреција во случајот, тоа било едно од главните средства за борба на CIMADE и дало добри резултати, а личната ситација на притворениците често била сериозна.
74. Во овој контекст CIMADE забележал многу случаи на мешање во приватниот и семејниот живот на притворениците, деца како се разделуваат од нивните родители и набрзина се предаваат под грижа на непознати, прекинато школување, домаќинства распарчени, родители разделени од нивните деца, мајки на мали деца принудени да престанат со доење и така натака. Исто така спомена и илјадници деца кои биле ставени во несоодветни прифатни центри и депортирани, со или без нивните родители.
75. Како заклучок, според вмешувачите, воведувањто на жалба со суспензивно дејство против мерки за протерување било итна потреба. Отсуството на таква жалба ги ставало засегнатите лица на ризик од сериозни и понекогаш неповратни повреди на нивните основни права и слободи и овозможувало постоење на исклучоци од законот на француска територија која влегувала во надлежност на Судот.
В. Оцена на Судот
1. Статус на жртва на жалителот
76. Судот смета дека претходниот приговор на Владата дека жалителот повеќе не е жртва е толку тесно поврзан со суштината на неговиот жалбен навод да мора да биде приклучен кон основаноста на жалбата.
2. Почитување на член 13 во врска со член 8 од Конвенцијата
(a) Општи принципи применливи [на овој случај]
77. Во случаи кои се однесуваат на закони за имиграција Судот постојано повторува дека како прашање на добро воспоставено меѓународно право и согласно нивните обврски од меѓународни договори, државите имаат право да го контролираат влезот, престојот и протерувањето на странци. Конвенцијата не гарантира право на странец да влезе или да престојува во конкретна земја и, во остварувањето на нивната задача да го чуваат јавниот ред, државите договорнички имаат овластување да протераат странец осуден за кривично дело. Сепак, нивните одлуки во оваа област мора, во делот во кој тие може да се мешаат во право заштитено со став 1 од член 8, да се во согласност со закон, да остваруваат легтимна цел и да бидат неопходни во демократско општество (види Boultif, цитиран погоре, параграф 46, и Üner v. the Netherlands [GC], no. 46410/99, § 54, ECHR 2006‑XII).
Согласно член 1 од Конвенцијата, примарна одговорност за имплементирање и спроведување на гарантираните права и слободи е на државните органи. Машинеријата на жалба до Судот е затоа супсидијарна на домашните системи за заштита на човековите права. Овој супсидијарен карактер е изразен во член 13 и член 35, став 1 од Конвенцијата (види, Kudła v. Poland [GC], no. 30210/96, § 152, ECHR 2000‑XI).
78. Судот има повторено во бројни прилики дека член 13 од Конвенцијата гарантира достапност на домашно ниво на правен лек за спроведување на суштината на правата и слободите од Конвенцијата во која и да форма тие да се обезбедени во домашниот правен поредок. Дејството на овој член е затоа да наложи обезбедување на домашен правен лек кој му овозможува на надлежниот домашен орган да одлучи по „докажлив жалбен навод“ [“arguable complaint”] согласно Конвенцијата и да додели соодветно обештетување. Опсегот на обврските на државите договорничи според член 13 се разликува во зависност од карактерот од жалбениот навод на жалителот. Државите имаат определена дискрециона слобода во однос на начинот на кој тие ќе ги исполнат тие обврски согласна оваа одредба (види Jabari v. Turkey, no. 40035/98, § 48, ECHR 2000‑VIII). Сепак, правниот лек кој го наложува член 13 мора да биде „ефикасен“ во пракса како и во законот (види Kudła, цитиран погоре, параграф 157).
79. Ефикасноста на еден правен лек во смисла на член 13 не зависи од сигурноста за поволен исход за жалителот. Ниту пак „органот“ споменат во таа одредба нужно мора да биде судски орган. Сепак, неговите овластувања и процедуралните гаранции кои тој ги овозможува се релеватни при утврдувањето дали правниот лек е ефикасен (види Klass and Others v. Germany, 6 September 1978, § 67, Series A no. 28). Кога „органот“ за кој станува збор не е судски, Судот ја проверува неговата независност (види, на пример, Leander v. Sweden, 26 March 1987, §§ 77 and 81-83, Series A no. 116, и Khan v. the United Kingdom, no. 35394/97, §§ 44-47, ECHR 2000‑V) и процедуралните гарации кои им ги нуди на жалителите (види, mutatis mutandis, Chahal v. the United Kingdom, 15 November 1996, §§ 152-154, Reports of Judgments and Decisions 1996‑V). Исто така, дури и ако еден правен лек сам по себе не ги исполнува во целост барањата на член 13, збир на правни лекови предвидени во домашното право може да ги исполни (види Rotaru v. Romania [GC], no. 28341/95, § 69, ECHR 2000‑V).
80. За да биде ефикасен, правниот лек кој го наложува член 13 мора да биде достапен во пракса како и во закон, особено во смисла на тоа дека неговото користење не смее да биде неоправдано попречено со акти или пропуштања на органите на тужената држава (види Çakıcı v. Turkey [GC], no. 23657/94, § 112, ECHR 1999‑IV).
81. Понатаму, особено внимание мора да се обрне на брзината на самото дејство на исправање на ситуацијата, затоа што не е незамисливо дека соодветниот карактер на правниот лек може да биде нарушен од предолго траење [на постапката по тој лек] (види Doran v. Ireland, no. 50389/99, § 57, ECHR 2003‑X).
82. Кога една жалба се однесува на наводи дека протерување на некое лице би го изложило тоа лице на вистински ризик да претрпи постапување спротивно на член 3 од Конвенцијата, со оглед на важноста која Судот ја придава на таа одредба и со оглед на неповратниот карактер на повредата која може да настане ако ризикот од тортура или злоупотреа се реализира, ефикасноста на правниот лек во смисла на член 13 императивно наложува жалбата да е предмет на внимателна контрола од домашниот орган (види Shamayev and Others v. Georgia and Russia, no. 36378/02, § 448, ECHR 2005‑III), на независна и строга контрола на тврдењето дека постојат сериозни причини за загриженост од вистински ризик на постапување спротивно на член 3 (види Jabari, цитиран погоре, параграф 50) и разумна брзина [на постапката по тој лек] (види Batı and Others v. Turkey, nos. 33097/96 and 57834/00, § 136, ECHR 2004‑IV). Во таков случај, ефикасноста исто така наложува дека засегнатото лице треба да има пристап до правен лек со автоматско суспензивно дејство (види Gebremedhin [Gaberamadhien], цитиран погоре, параграф 66, и Hirsi Jamaa and Others v. Italy [GC], no. 27765/09, § 200, 23 February 2012). Истите принципи важат кога протерувањето го изложува странецот на вистински ризик од повреда на неговото право на живот заштитено со член 2 од Конвенцијата. На крај, условот дека правниот лек треба да има авотматски суспензивно дејство е потврден за жалбени наводи по член 4 од Протокол бр. 4 (види Čonka, цитиран погоре, параграф 81-83, и Hirsi Jamaa and Others, цитиран погоре, параграф 206).
83. Спротивно на тоа, кога протерувањата се оспоруваат врз основа на наводно мешање во приватен и семеен живот, не е императивно, за тој правен лек да биде ефикасен, дека мора да има автоматско суспензивно дејство. Сепак, во имиграциони случаи, кога има докажливо тврдење дека има ризик дека протерувањето ќе претставува мешање во правото на странецот на почитување на неговиот приватен и семеен живот, член 13 во врска со член 8 од Конвенцијата наложува дека државте мора да овозможат на засегнатото лице ефикасна можност да ја оспори депортацијата или одлуката за одбивање на престој и релеванното прашање да го испитааат со доволно процедурални гаранции и темелност, од страна на соодветен домашен форум кој нуди адекватни гаранции на незвисност и непристрасност (види M. and Others v. Bulgaria, no. 41416/08, §§ 122-132, 26 July 2011, и, mutatis mutandis, Al-Nashif v. Bulgaria, no. 50963/99, § 133, 20 June 2002).
(б) Примена на тие принципи во овој случај
84. Судот воочува дека прашањето за кое се одлучува се однесува на ефикасноста на правните лекови употребени од жалителот во Француска Гвајана, во моментот на отстранувањето, во одбрана на жалбен навод по член 8 од Конвенцијата. Во тој поглед Судот смета дека е потребно да повтори дека кога станува збор за случаи поврзани со имиграција, како тој на жалителот, негова единствена грижа, во согласност со принципот на супсидијарност, е да ја испита ефикасноста на домашните процедури и да осигура дека со нив се почитуваат човековите права (види, mutatis mutandis, M.S.S. v. Belgium and Greece [GC], no. 30696/09, §§ 286‑287, ECHR 2011, и I.M. v. France, no. 9152/09, § 136, 2 February 2012).
85. Судот исто така повторува дека член 13 од Конвенцијата не оди до таму да наложува било која конкретна форма на правен лек, на државите договорнички им е дадено поле на слободна оцена во тој поглед (види Vilvarajah and Others v. the United Kingdom, 30 October 1991, § 122, Series A no. 215, и, помеѓу многу други претходни пресуди,, G.H.H. and Others v. Turkey, no. 43258/98, § 36, ECHR 2000‑VIII).
86. Во овој случај, жалителот ги употребил правните лекови кои му биле на располагање пред наредбата за отстранување согласно системот кој е во сила во Француска Гвајана тој поднесол барање до управниот суд за судско преиспитување на одлуката за отстранување, како и итно барање за запирање на извршувањето, тој исто така покасно поднесол итно барање до истиот суд за заштита на основна слобода.
87. Судот затоа мора да утврди дали жалителот ја имал предноста н ефикасни гаранции да го заштитат од извршување на одлука за отстранување која наводно го повредува член 8.
88. Судот е обврзан најпрво да ја забележи хронологијата на овој случај: откако жалителот бил уапсен утрото на 25 јануари 2007, била издадена наредба за негово отстранување, и тој бил ставен во административен притвор во 10 часот истио ден и отстранет во 16 часот следниот ден. Значи, тој бил отстранет од Француска Гвајана помалку од триесет и шест часа по неговото апсење.
Судот, како и жалителот, воочува дека образложението дадено во наредбата за отстранување издадена од префектот на Француска Гвајана било кусо и стереотпно (види параграф 17 погоре). Судот исто така воочува дека известувањето за одлуката му било доставено на жалителот веднаш после неговото апсење. Се чини дека овие елементи демонстрираат колку кратко траело испитувањето на ситуацијата на жалителот од страна на надлежните органи.
89. Судот исто така воочува дека странките не се согласија во однос на причината зошто било наредено отстранувањето на жалителот. Според Владата, илегалната ситуација на жалителот во Француска Гвајана била последица на негова небрежност, затоа што тој не презел мерки да го регулира неговиот административен статус. Жалителот, од друга страна, тврдеше дека затоа што тој имал веќе наполнето осумнаесет години тој имал право да побара да го регулира неговиот статус, и во секој случај тој бил заштитен од било кој вид на отстранување од француска територија.
90. Судот воччува дека, како што жалителот тврдел, кога првично се жалел до домашните судови (види параграф 18 погоре), без оглед на причината за неговата илегална ситуација во моментот на неговото апсење, тој бил заштитен согласно француското право од било кој вид на протерување (види член Article L. 511-4 oд ЗВПСБ). Таков бил заклучокот донесен од Управниот суд во Кајен, кој, откако ги оценил доказите кои жалителот првично ги доставил, ја прогласил одлуката за отстранување за незаконита (види параграф 23 погоре).
91. Јасно, потоа, до 26 јануари 2007 француските органи имале докази дека отстранувањето на жалителот не било во согласност со законот и затоа можело да претставува незаконито мешање во неговите права од член 8, став 2 од Конвенцијата (види параграф 18 погоре). Како и Судскиот совет, така и Големиот судски совет затоа смета дека во моментот на отстранувањето на жалителот во Бразил се поставувале сериозни прашања за усогласеноста на неговото отстранување со член 8 од Конвенцијата, и дека тој имал „докажлив“ навод во тој поглед во смисла на член 13 од Конвенцијата (види параграф 53 погоре).
92. Осврнувајќи се на можностите кои му биле на располагање на жалителот за оспорување на одлуката за негово отстранување, Судот забележува дека со помош на CIMADE тој можел да се обрати до Управниот суд во Кајен. Според Судот, судот до кој било поднесено неговото барање ги исполнувал условите за независност, непристрасност и надлежност да одлучи по наводите по член 8.
93. Сепак, Судот повторува дека, без влијание на прашањето за неговото суспензивно дејство, за еден правен лек да биде ефикасен и за да се избегне секаков ризик од арбитрерна одлука, мора да има автентична интервенција од судот или „домашниот орган“.
94. Во овој случај досието доставено до надлежниот „домашен орган“ не може да се каже дека било посебно сложено. Судот би повторил дека барањата поднесени од жалителот содржеле прецизно објаснето правно образложение. При оспорувањето на одлуката за отстранување жалителот тврдел дека тоа било спротивно на Конвенцијата и незаконито според француското право. Тој се повикал, меѓу другото, на член L. 511-4 oд ЗВПСБ и доставил детални докази дека најголемиот дел од неговиот приватен и семеен живот го поминал во Француска Гвајана (види параграф 18 погоре), на тој начин покажувајќи дека неговиот случај бил доволно мериторен за да наложи соодветно испитување (види, mutatis mutandis, I.M. v. France, цитиран погоре, параграф 155).
Потоа, и над сѐ, Судот е обврзан да воочи дека, откако се обратил до Управниот суд на 26 јануари 2007[1] во 15 часот и 11 минути, жалителот бил депортиран во Бразил во 16 часот истиот ден. Според Судот толку краток временски период исклучув каква било можност дека судот сериозно ги испитал околностите и правните аргументи во полза на или против наоѓање на повреда на член 8 од Конвенцијара во случај одлуката за отстранување да биде извршена.
Резултатот е што во моментот на неговото отстранување барањата поднесени од жалителот и околностите во однос на неговиот приватен и семеен живот не биле ефективно испитани од ниту еден домашен орган. Посебно, со оглед на хронологијата на фактите на овој случај, Судот не може, а да не воочи дека немало судско преиспитување во однос на меритумот на барањата на жалителот или неговото итно барање за привремена мерка.
95. Иако итната постапка теоретски можела да биде прилика за судот да ги испита аргументите на жалителот и, ако е потребно, да го запре извршувањето на одлуката за отстранување, секоја можност тоа фактички да се случи била исклучена заради прекусиот временски период кој поминал од неговото барање до судот, до извршувањето на одлуката за отстранување. Всушност, судијата за итни барања бил немоќен да стори било што освен да го прогласи барањето за беспредметно. Така жалителот бил депортиран само врз основа на одлука на управен орган.
Последователно, во околностите на овој случај Судот смета дека избрзаноста со која била извршена одлуката за отстранување имала за последица да ги направи достапните правни лекови неефикасни во пракса и затоа и недостапни. Иако Судот е свесен за важноста за брз пристап до правен лек, брзината не треба да оди толку далеку да претставува пречка или неоправдано отежнување за негова употреба, или да има приоритет над неговата практична ефикасност.
96. Со оглед на наведеното погоре, Судот смета дека начинот на кој било реализирано отстранувањето на жалителот било исклучително брзо, дури и површно. Во околностите, пред да биде депортиран, жалителот немал шанса законитоста на одлуката за отстранување да биде испиата доволно темелно од домашен орган кој ги нуди потребните процедурални гаранции (види параграф 79 погоре).
97. Што се однесува на географската локација на Француска Гвајана и големиот имиграциски притисок таму, Владата тврдеше дека овие фактори го оправдувале исклучокот од обичните закони и начинот на кој тие биле применувани таму. Со оглед на околностите на овој случај, Судот не може да се согласи со оваа анализа. Тој е секако свесен за потребата државите да се борат со илегална имиграција и да ги имаат потребните средства за тоа, истовремено организирајќи ги домашните правни лекови на начин да допуштат адаптирање на определени национални ограничувања и ситуации.
Сепак, иако на државите им е дадена определена дискрециона слобода во однос на начинот на кој тие ги исполнуваат нивните обврски по член 13 од Конвенцијата, таа дискрециона слобода не смее да резултира, како во овој случај, со тоа да на жалителот му е оневозможен пристап во пракса на минималните процедурални гаранции кои се потребни за да го заштитат од арбитрерно протерување.
98. На крај, во однос на опасноста од преоптоварување на судовите и негативно влијание на правилното спроведување на правдата во Француска Гвајана, Судот повторува дека, како и член 6 од Конвенцијата, член 13 наметнува на државите договорнички должност да ги организираат нивните судски системи на таков начин да нивните судови можат да ги исполнат неговите услови. Во врска со тоа, важноста на член 13 во зачувувањето на супсидијарниот карактер на системот на Конвенцијата мора да се нагласи (види, Kudła, цитиран погоре, параграф 152, и Čonka, цитиран погоре, параграф 84).
99. Со оглед на претходните согледувања, Судот наоѓа дека жалителот немал пристап во пракса на ефикасни правни лекови во однос на неговиот жалбен навод по член 8 од Конвенцијата, кога требало да биде депортиран. Овој факт не бил поправен со конечното издавање на дозвола за престој.
100. Судот затоа мора да го одбие претходниот приговор на Владата во однос на губењето на статус на „жртва“ на жалителот во смисла на член 34 од Конвенцијата, и одлучува дека имало повреда на член 13 во врска со член 8 од Конвенцијата.
III. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
101. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
A. Штета
102. Жалителот побара 32,000 евра (ЕУР) за материјална штета, објаснувајќи дека тоа се однесувало на трошоците за живот во Бразил во текот на седум месеци и илегалното враќање во Француска Гвајана. Во овој износ тој исто така вклучи и надомест на штета за фактот што тој не можел да го посетува курсот за обука кој требало да го следи во времето на неговото отстранување како дел од обврските на судскиот надзор, и за фактот што не можел да работи додека не добил дозвола за престој за „приватен и семеен живот“.
103. Тој исто така побара 10,000 ЕУР за нематеријална штета.
104. Владата сметаше дека овие износи се очигледно превисоки. Во однос на материјална штета, таа посочи дека наводната повреда се однесувала на неговото отстранување во Бразил, а не на дозволата за престој која му била издадена. Затоа таа истакна дека немало врска помеѓу фактот што на жалителот не му било дозволено да работи и наводната повреда на Конвенцијата. Владата објасни дека во релевантниот период жалителот не бил вработен ниту барал вработување.
105. Во однос на наводната нематеријална штета, Владата истакна дека наоѓањето на повреда само по себе би претставувалоо доволно правично задоволување.
106. Судот не гледа причинско-последична врска помеѓу најдената повреда и наводно претрпената материјална штета, и го отфрла соодветното барање за надомест.
107. Сепак, Судот смета дека во околностите на случајот жалитеелот мора да претрпел болка и неисигурност кои не може да се надоместат само со наоѓање на повреда. Последователно, одлучувајќи на правична основа, како што е наложено со член 41, му доделува на жалителот, 3,000 ЕУР за нематеријална штета.
Б. Трошоци и издатоци
108. Жалителот побара 2,500 ЕУР за трошоците кои ги имал пред домашните судови. Тој не поднесе документи во поткрепа на неговото барање. Што се однесува на постапката пред Судот, адвокатот на жалителот посочи дека неговиот клиент бил без приходи и му било оневозможено да работи до 2009. Неговиот адвокат затоа ги покрил трошоците и таксите за него и составил соодветни фактури – една за постапката пред Судскиот совет и друга за постапката пред Големиот судски совет. Тој ги поднесе двете фактури до Судот, а секоја од нив дава детални податоци за трошоците. Првата фактура била со вкупен износ од 14,960 ЕУР а втората 7,120 ЕУР, што значи севкупно 22,080 ЕУР. Жалителот исто така објасни дека му била доделена правна помош за постапката пред Судот.
109. Владата сметаше дека овие износи се несразмерни. Во однос на постапката пред домашните судови, таа истакна дека бараните судови не одговарале на критериумите поставени во судската пракса на Судот. Што се однесува на трошоците и издатоците пред Судот, Владата сметаше дека 3,000 ЕУР бил разумен износ за покривање на направените трошоци, минус веќе примената правна помош.
110. Според судската пракса на Судот, надомест за трошоци и издатоци може да се додели само ако тие биле фактички и со потреба направени и ако се со разумен износ. Во овој случај Судот го одбива барањето за надомест на трошоците и издатоците од домашната постапка, затоа што не беа доставени потврди.
111. Потоа, со оглед на ситуацијата на жалителот, прво откако бил депортиран во Бразил и потоа кога немал дозвола за престој со која му се дозволува да работи во Француска Гвајана до 2009, Судот нема сомнение дека тој бил без средства во тој период. Судот смета, во околностите, дека на жалителот треба да му се додели сума за таксите кои за него ги платил неговиот адвокат. Тој износ, сепак, мора да го земе предвид фактот што Судот најде повреда на Конвенцијата во однос на само еден од жалбените наводи поднесени пред него, имено наводот по член 13 земен во врска со член 8. Согласно член 41, само оние трошоци и издатоци кои се со разумен износ и кои биле фактички и со потреба направени од жалителот за Судот да најде повреда на Конвенцијата може да бидат надоместени. Судот затоа го одбива останатиот дел од барањето за надомест на трошоци и издатоци (види, mutatis mutandis, I.M. v. France, цитиран погоре, параграф 171).
112. Со оглед на наведеното погоре и со оглед на документите со кои располага, Судот смета дека е разумно да му додели на жалителот износ од 12,000 ЕУР за трошоците и издатоците направени во постапката пред него. Што се однесува на правната помош, Судот воочува дека иако жалителот првично поднесе барање за правна помош тој не ги исполни потребните формалности. Затоа, со оглед на тоа дека не беше платена правна помош за постапката пред Судот, доделениот износ не треба да се намали.
В. Затезна камата
113. Судот смета дека е соодветно затезната камата да се пресмета според најниската каматна стапка за позајмени средства на Европската централна банка, на што треба да се додадат три процентни поени.
ОД ТИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ, ЕДНОГЛАСНО,
1. Го приклучува кон основаноста на жалбата, претходниот приговор на Владата во однос на жалбениот навод по член 13 од Конвенцијата земен во врска со член 8 и го одбива;
2. Одлучува дека имало повреда на член 13 во врска со член 8 од Конвенцијата;
3. Одлучува
(a) дека тужената држава треба да му ги плати на жалителот, во рок од три месеци, следните износи:
(i) 3,000 ЕУР (три илјади евра), плус секој данок кој може да биде пресметан, за нематеријална штета;
(ii) 12,000 ЕУР (дванаесет илјади евра), плус секој данок кој може да му биде пресметан на жалителот, за трошоци и издатоци;
(б) дека по истекот на гореспоменатите три месеци до исплата, ќе се пресмета основна камата според најниската каматна стапка за позајмени средства на Европската централна банка во текот на тој период плус три процентни поени;
4. Го одбива останатиот дел од барањето на жалителот за правично задоволување.
Изработена на англиски и француски јазик, и објавена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 13 декември 2012.
Michael O’BoyleNicolas Bratza
Заменик секретарПретседател
Согласно член 45, став 2 од Конвенцијата и правило 74, став 2 од Правилата на Судот, следните издвоени мислења се приклучени кон оваа пресуда:
– Издвоено мислење на судијата Kalaydjieva;
– Издвоено мислење на судијата Pinto de Albuquerque, кон кое се приклучи судијата Vučinić.
N.B.
M.O’B.
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски јазик и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се преземе од HUDOC базата на податоци на судска пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на случајот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако целта е да се употреби било кој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact: publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@
[1]. Коригирана на 18 декември2012, текстот беше: „26 јануари 2011“.
Full & Egal Universal Law Academy