© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2014. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка од судската пракса на Судот бр. 167
октомври 2013 год.
Дел Рио Прада против Шпанија [ГСС] - 42750/09
Пресуда 21.10.2013 [ГСС]
Член 7
Член 7-1
Потешка казна
Nulla poena sine lege
Ретроактивност
Одложување на датумот за ослободување на жалителката по измените во судската пракса што настанале откако ѝ била изречена казната: повреда.
Член 5
Член 5-1
Законско апсење или затвор
Одложување на датумот за ослободување на жалителката по измените во судската пракса што настанале откако ѝ била изречена казната: повреда.
Факти – Меѓу 1988 и 2000 г., во осум кривични постапки, жалителката добила серија на затворски казни кои достигнале вкупно речиси 3.000 години за различни дела поврзани со терористички напади. Во ноември 2000 г., со оглед на блиските правни и хронолошки врски меѓу делата, Националниот суд (Audiencia Nacional) ги споил казните на жалителката и одредил дека вкупното време што таа требала да го одлежи во затвор било триесет години, согласно ограничувањето предвидено во Кривичниот законик од 1973 г., а кој бил на сила во релевантниот период. Во април 2008 г. властите во затворот каде жалителката била затворена го одредиле датумот за нејзиното ослободување за јули 2008 г. откако ги одбиле намалувањата на казната за работата што таа ја сработила во затворот од почетокот на нејзината затворска казна во 1987 г. Последователно, во мај 2008 г. Националниот суд побарал од затворските власти да го ревидираат планираниот датум за ослободување на жалителката и повторно да го пресметаат врз основа на нов пристап (познат како „Доктрината на Парот“), усвоен од Врховниот суд со пресуда од февруари 2006 г., согласно која релевантните прилагодувања и намалувања требале да бидат применети за секоја од казните поединечно, а не на максималниот период од триесет години престој во затвор. Како резултат на ова конечниот датум за ослободување на жалителката бил утврден за 27 јуни 2017 г. Нејзините последователни жалби биле неуспешни.
Во пресудата усвоена на 10 јули 2012 г. (види Информативна белешка 154) Судски совет на судот одлучил дека имало повреда на членовите 5 и 7 од Конвенцијата утврдувајќи дека примената на новиот метод за пресметување на намалувањата на казната не бил предвидлив во времето кога жалителката била осудена и достигнал ниво на ретроактивна примена, на нејзина штета, на промени што настанале по извршувањето на делата.
Право – Член 7: Изјавите на странките главно се занимаваат со пресметување на вкупниот период што жалителката требала да го одлежи во согласност со правилата за комбинирање на казните и одредување на максималниот период, и со системот на намалување на казната за работа сработена во затвор, како што било предвидено во Кривичниот законик во 1973 г.
(а) Опсегот на изречената казна – Согласно Кривичниот законик од 1973 г., како што се применувал во времето кога биле извршени кривичните дела, максимален период од триесет години затворска казни кореспондира на максималниот период кој би можел да биде одлежан (condena) во случај на повеќе поврзани дела, различен од концептот на „казни“ (penas) прогласени и изречени во различни пресуди со кои е осудена жалителката. Исто така за потребите на укинување на „изречената казна“, затворениците имале право на еден ден намалување за секои два одработени дена. Меѓутоа, немало никакви посебни правила за тоа како се применувале намалувањата кога се обединувале повеќе казни и максималниот вкупен период на затворската казна бил одредуван, како во случајот на жалителката, кога казните што вкупно достигнувале три илјади години затвор биле намалени на триесет години. Дури со изготвувањето на новиот Кривичен законик од 1995 г. законот изречно вели, во однос на примената на прилагодувањата на казната дека во вонредни случаи може да се земе во предвид вкупното времетраење на изречените казни, а не максималниот период што може да се отслужи според законот.
Земајќи ја во предвид судската пракса и праксата во врска со толкувањето на релевантните одредби од Кривичниот законик од 1973, пред пресудата на Врховниот суд од 2006 г., кога казните на еден затвореник биле споени и максималниот период бил утврден, затворските власти и судовите ги примениле намалувањата на казната за работата сработена во затвор на максималниот период што требал да го одлежи. На тој начин тие го зеле во предвид максималниот законски период од триесет години затвор при примената на намалувањата на казната за работата сработена во затвор. Во пресуда од март 1994 г. Врховниот суд упатил на максималниот законски рок од триесет години во затвор како „нова, независна казна“ на која секакво прилагодување предвидено со закон требало да се примени. Соодветно на тоа, и покрај нејасноста на релевантните одредби од Кривичниот законик од 1973 г. и фактот дека Врховниот суд не почнал да ги разјаснува сè до 1994 г. јасно било дека праксата на затворските и судските власти го третирале периодот што ќе го служеле во затвор (condena), што произлегувал од горната граница на триесет години, како нова, независна казна на која требале да се применат одредени прилагодувања, како што се намалувањата на казната за работата сработена во затвор. Во контекст на таа пракса, додека ја отслужувала својата затворска казна жалителката имала право да верува дека изречената затворска казна била таа што произлегла од максималниот период од триесет години, за што секакви намалувања на казната за работата сработена во затвор би била одземени. Исто така, намалувањата на казната за работата сработена во затвор биле изречно предвидени во статутарното право, кое барало времетраењето на затворската казна автоматски да се намали како надоместок за секоја работа сработена во затвор, со исклучок на два случаи: кога затвореникот ќе избега или ќе се обиде да избега и кога затвореникот има лошо поведение. Дури и во овие случаи, намалувањата на казната кои веќе биле дозволени од судија не можеле да бидат одземени ретроактивно, како денови за намалување на казната кои веќе биле доделени и се сметале за отслужени и претставувале составен дел од законски стекнатите права на затвореникот.
Иако Кривичниот законик од 1995 г. ги укинал намалувањата на казната за работа сработена во затвор за лицата што ќе биле осудени во иднина, неговите преодни одредби им дозволувале на затворениците осудени согласно стариот Кривичен законик од 1973 г. – како жалителката – да продолжат да уживаат во бенефициите на таквите аранжмани доколку ова одело во нивна корист. Меѓутоа, законот вовел построги услови за давање на дозвола за привремено ослободување, дури и за затвореници кои биле осудени пред истиот да стапи на сила. Судот од ова заклучува дека при одлучувањето, како преодна мерка, да се задржат ефектите од правилата за намалувањата на казната за работа сработена во затвор и со цел да се одреди поблагиот кривичен закон, законодавецот ги сметал овие правила дека се дел од материјалниот кривичен закон, односно од одредбите кои влијаеле на реалното утврдување на казната, а не само на нејзиното извршување.
Во контекст на претходно-кажаното, во времето кога жалителката ги извршила делата за кои била обвинета и кога било одлучено за обединување на казните и одредување на максималниот временски рок на затворската казна, релевантниот закон, земен како целина бил формулиран со доволна прецизност за на жалителката да ѝ се обезбеди да го согледа, до разумен степен во дадените околности, опсегот на казната што ѝ била изречена, имајќи го на ум максималниот законски период од триесет години и системот на намалувања на казната за работата сработена во затвор како резултат на Кривичниот законик од 1973. Со ова казната што ѝ била изречена на жалителката достигнала максимален временски период на затворска казна од триесет години, и секакви намалување на казната за работа сработена во затвор би биле одземени од тие години.
(б) Дали примената на „Доктрината на Парот“ во случајот на жалителката ги изменила само средствата за извршување на казната или и нејзиниот реален опсег – Во мај 2008 г. Националниот суд го одбил предлогот за 2 јули 2008 г. да се утврди како датумот за конечното ослободување на жалителката, наместо тоа се потпрел на „Доктрината на Парот“ утврдена во пресудата на Врховниот суд од февруари 2006 г. – доста време после извршувањето на делото, обединувањето на казните и одредувањето на максималното времетраење затворската казна. Се сметало дека новото правило според кое намалувањата на казната за работа сработена во затвор требале да се применат за секоја поединечна казна – а не на максималната казна од триесет години како претходно – било повеќе во согласност со формулација на одредбите од Кривичниот законик од 1973 г. Примената на „Доктрината на Парот“ во ситуацијата на жалителката ги лишила од секаков корисен ефект намалувањата на казната за работата што ја сработила во затвор на што имала право по закон и во согласност со конечните одлуки на судиите одговорни за извршување на казните. Како резултат, максималното времетраење од триесет години на затворската казна престанала да биде независна казна на која намалувањата за работата сработена во затвор биле применети, и наместо тоа станала казна затвор од триесет години на која во пракса таквите намалувања не се применувале.
(в) Дали „Доктрината на Парот“ била разумно предвидлива - Оваа промена во системот за примена на намалувањата на казната била резултат на отстапувањето на Врховниот суд од претходната судска пракса, наспроти промената во законодавството. Во март 1994 г. Врховниот суд го зазел гледиштето дека максималниот временски период од триесет години затвор бил „нова, независна казна“ на која сите намалувања на казната предвидени со закон требале да се применат. Во секој случај било пракса на затворските и судските власти пред „Доктрината на Парот“ да применуваат намалувања на казната за работа сработена во затвор на максималната затворска казна од триесет години. Врховниот суд не се оддалечил од својата претходна судска пракса сè до 2006 г., десет години откако законот на кој се однесувала бил укинат. Постапувајќи на тој начин Врховниот суд дал ново толкување на одредбите од законот кој повеќе не бил на сила, имено Кривичниот законик од 1973 г., кој бил заменет од Кривичниот законик од 1995 г. Исто така, преодните одредби од Кривичниот законик од 1995 г. имале за цел да ги задржат ефектите од намалувањата на казните за работа сработена во затвор утврдени со Кривичниот законик од 1973 г. во однос на лицата осудени согласно тој Законик, попрецизно заради придржување кон правилата со кои се забранува ретроактивна примена на построгиот кривичен закон. Меѓутоа новото толкување на Врховниот суд, кој ги направил сите намалувања на казната кои веќе биле доделени неефективни, во пракса ја довело жалителката и други лица во слична ситуација да бидат лишени од бенефициите на системот на намалувања.
Конечно, иако судот прифатил дека Врховниот суд не го применил законот за измена и дополнување на Кривичниот законик од 1973 г. ретроактивно, сепак било јасно од причините дадени од Врховниот суд дека тој се водел од истата цел како и законот во прашање, имено да гарантира целосно и делотворно извршување на највисоката затворска казна од страна на оние што служеле неколку долги затворски казни. Во врска со ова, иако државите се слободни да ја променат сопствената кривична политика, на пример преку зголемување на казните што можат да се применат за кривичните дела, со тоа тие сепак мораат да се придржуваат на условите од членот 7 од Конвенцијата, која безусловно забранува ретроспективна примена на кривичниот закон во случаите кога ова е на штета на обвинетиот.
Во контекст на претходното, во времето кога жалителката ги добила своите казни и била известена за одлуката за нивно обединување и одредување на максималното времетраење на затворската казна немало никакви показатели на некаква забележлива линија на развој на судската пракса во согласност со пресудата на Врховниот суд од 2006 г. Жалителката затоа немала причина да очекува дека Врховниот суд ќе се оддалечел од претходната судска пракса или дека Националниот суд, како резултат на ова би ги применил намалувањата на казната кои ѝ биле дадени неповрзано со максималната затворска казна од триесет години, туку последователно една после друга за секоја казна што ѝ била изречена. Ова отстапување од судската пракса имало ефект на модифицирање на изречената казна на штета на жалителката.
Заклучок: повреда (петнаесет гласа наспроти два).
Член 5 § 1: Жалителката била осудена од надлежен суд согласно процедура пропишана со закон и добила затворски казни кои заедно изнесувале над 3.000 години. Во повеќето засегнати пресуди, како и во својата одлука од ноември 2000 г. за обединување на казните и одредување на максимален вкупен период, Националниот суд посочил дека жалителката требала да отслужи максимум триесет години затвор согласно Кривичниот законик од 1973 г. Престојот во затвор на жалителката сè уште не го достигнал тој максимален период. Јасно постои каузална врска меѓу осудителните пресуди на жалителката и нејзиното останување во затвор после 2 јули 2008 г., што резултирало од тоа дека била прогласена за виновна и од максималниот период од триесет години затвор.
Во контекст на размислувањата кои го наведоа да одлучи дека имало повреда на членот 7 од Конвенцијата, Судот сметаше дека во времето кога жалителката била осудена, кога таа работела во затворот и кога била известена за одлуката за обединување на казните и за одредување на највисоката казна затвор, таа не можела да предвиди до разумен степен дека методот употребен за примена на намалувањата на казната за работата сработена во затвор би се промениле како резултат на оддалечувањето на Врховниот суд во 2006 г. од судската пракса, и дека новиот пристап би се применил во нејзиниот случај. Ова го одложило датумот за нејзино ослободување за речиси девет години. Оттука таа служела подолга казна затвор отколку што требала да служи согласно домашниот правен систем што бил на сила во времето кога била осудена, земајќи ги во предвид намалувањата на казната што таа веќе ги добила согласно законот. Соодветно на тоа од 3 јули 2008 г. натаму престојот на жалителката во затвор не бил „законски“.
Заклучок: повреда (едногласно).
Член 46: Земајќи ги во предвид специфичните околности на случајот и итната потреба да се стави крај на повредите на Конвенцијата што биле утврдени, тој смета дека е должност на тужената држава да ја ослободи жалителката што е можно поскоро.
Член 41: 30.000 евра за нематеријална штета.
© Совет на Европа / Европски суд за човекови права
Ова резиме на Регистратурата не го обврзува Судот.
На овој линк може да се најдат Информативни белешки од судската пракса
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2014
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy