© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА ДЕЛФИ АС против ЕСТОНИЈА
(Жалба бр. 64569/09)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
16 јуни 2015 год.
Оваа пресуда е конечна, но може да подложи на уредничка ревизија.
Содржина
ПОСТАПКА
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
А. Општи информации за случајот
Б. Напис и коментари објавени на информативниот интернет портал
В. Граѓанската постапка против компанијата-жалител
Г. Последователниот развој на настаните
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
III. РЕЛЕВАНТНИТЕ МЕЃУНАРОДНИ ИНСТРУМЕНТИ
А. Документи на Советот на Европа
Б. Други меѓународни документи
IV. РЕЛЕВАНТЕН КОМПАРАТИВЕН МАТЕРИЈАЛ И ПРАВЕН МАТЕРИЈАЛ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА
А. Инструменти и судската пракса на Европската унија
1. Директивата 2000/31/EC
2. Директивата 98/34/EC со измените и дополнувањата од Директивата 98/48/EC
3. Судската пракса на Судот на правдата на Европската унија
Б. Компаративен правен материјал
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 10 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
А. Пресудата на Судскиот совет
Б. Изјаснување на странките пред Големиот судски совет
1.Компанијата-жалител
2. Владата
В. Аргументите на третите страни што интервенираа
1. Хелсиншката фондација за човекови права
2. Членот 19 (Article 19)
3. Пристап (Access)
4. Иницијативата за правна одбрана на медиумите (Media Legal Defence Initiative)
5. EDiMA, CCIA Europe и EuroISPA
Г. Оценка на Судот
1. Прелиминарни забелешки и опсегот на проценката на Судот
2. Постоење на попречување
3. Законитост
4. Легитимна цел
5. Неопходни во едно демократско општество
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
Во случајот на Делфи АС против Естонија,
Европскиот суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Дин Шпилман (Dean Spielmann), претседател,
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Гвидо Раимонди (Guido Raimondi),
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Ишил Каракаш (Işıl Karakaş),
Инета Зиемеле (Ineta Ziemele),
Боштјан М. Зупанчич (Boštjan M. Zupančič),
Андраш Шају (András Sajó),
Леди Бјанку (Ledi Bianku),
Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria),
Винсент А. де Гаетано (Vincent A. de Gaetano),
Ангелика Нусбергер (Angelika Nußberger),
Јулија Лафранк (Julia Laffranque),
Линос-Александер Сицилианос (Linos-Alexandre Sicilianos),
Хелена Јадерблом (Helena Jäderblom),
Роберт Спано (Robert Spano),
Јон Фридрик Кјолбро (Jon Fridrik Kjølbro), судии,
и Јохан Калеваерт (Johan Callewaert), заменик секретар на Големиот судски совет,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 9 јули 2014 г. и 18 март 2015 година,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 64569/09) против Република Естонија поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на Делфи АС, јавно претпријатие со ограничена одговорност регистрирано во Естонија („компанијата-жалител“) на 4 декември 2009 година.
2. Компанијата-жалител беше застапувана од г-динот В. Оцман и г-ата К. Турк, адвокати со пракса во Талин. Естонската Влада („Владата“) беше застапувана од својот агент, г-ата М. Курберг од Министерството за надворешни работи.
3. Компанијата-жалител тврдеше дека нејзината слобода на изразување била повредена, што било спротивно на членот 10 од Конвенцијата заради фактот дека ја сметале за одговорна за коментари на трети лица објавени на нејзиниот информативен интернет портал.
4. Жалбата ѝ беше доделена на Петтата секција на Судот (правилото 52 § 1 од Деловникот на Судот). На 1 февруари 2011 г. Судот го смени составот на своите секции (правило 25 § 1 од Деловникот на Судот) и жалбата беше доделена на ново-составената Прва секција. На 10 октомври 2013 г. Судскиот совет во состав на Изабел Беро-Лефевр (Isabelle Berro-Lefèvre), претседател, Елизабет Штајнер (Elisabeth Steiner), Канлар Хаџијев (Khanlar Hajiyev), Мирјана Лазарова Трајковска (Mirjana Lazarova Trajkovska), Јулија Лафранк (Julia Laffranque), Ксенија Турковиќ (Ksenija Turković), Дмитри Дедов (Dmitry Dedov), судии, како и Андре Вампах (André Wampach), заменик секретар на Секцијата, ја донесе својата пресуда. Тие едногласно одлучија да ја прогласат жалбата за допуштена и одлучија дека немало повреда на членот 10 од Конвенцијата.
5. На 8 јануари 2014 г. компанијата-жалител побара случајот да биде упатен до Големиот судски совет согласно членот 43 од Конвенцијата, а панелот на Големиот судски совет го прифати барањето на 17 февруари 2014 г.
6. Составот на Големиот судски совет беше утврден според одредбите од член 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и правилото 24.
7. И компанијата-жалител и Владата поднесоа дополнителни забелешки на писмено (правило 59 § 1) во однос на основаноста.
8. Исто така беа примени коментари од трети странки, од следниве организации на кои претседателот на Големиот судски совет им дозволи да интервенираат во писмената постапка (член 36 § 2 од Конвенцијата и правилото 44 § 2): Хелсиншката фондација за човекови права; Членот 19 (Article 19); Пристап (Access); Иницијативата на медиумите за правна одбрана (МЛДИ), кои делуваат заедно со своите дваесет и осум здружени организации; Европската асоцијација на дигитални медиуми (EDiMA); Здружението на компјутерската и комуникациската индустрија (CCIA Europe) и Пан-европското здружение на европските здруженија на провајдери на интернет услуги (EuroISPA) кои настапијат заедно.
9. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 9 јули 2014 година (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(a) за Владата
Г-аМ. Куурберг (M. Kuurberg), агент,
Г-аМ. Каур (M. Kaur),
Г-аК. Маги (K. Mägi), советници;
(б) за компанијата-жалител
Г-дин В. Оцман (V. Otsmann),
Г-аК. Турк (K. Turk),правен застапник.
Судот ги сослуша обраќањето на г-динот Оцман, г-ата Турк и г-ата Куурберг како и нивните одговори на прашањата поставени од судиите Зиемеле, Спано, Раимонди, Вилигер и Бјанку.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
10. Компанијата-жалител е јавно претпријатие со ограничена одговорност (aktsiaselts) регистрирано во Естонија.
А. Општи информации за случајот
11. Компанијата-жалител е сопственик на Делфи, информативен интернет портал кој објавувал до 330 вести на ден во времето на поднесување на жалбата. Делфи е еден од најголемите информативни интернет портали во Естонија. Тие објавуваат вести на естонски и руски јазик во Естонија, а исто така функционира и во Летонија и Литванија.
12. Во материјалното време, на крајот од веста било напишано „оставете свој коментар“ и имало полиња за коментари, име на тој што коментира и неговата или нејзината адреса на електронската пошта (по избор). Под овие полиња имало копчиња за „објавете го коментарот“ и „читај коментари“. Делот за читање на коментарите оставени од други бил посебен дел до кој можело да се пристапи со кликнување на копчето „читај коментари“. Коментарите биле внесувани автоматски и како такви не подложеле на уредување или контрола од страна на компанијата-жалител. Написите добивале по околу 10.000 коментари на читатели на ден, мнозинството ставени под псевдоними.
13. Сепак, постоел систем за известување и отстранување: секој читател можел да одбележи некој коментар како leim (естонски збор за навредлива порака или порака со која се исмејува или порака која поттикнува омраза на интернет) и коментарот по итна постапка бил отстрануван. Исто така имало систем на автоматско бришење на коментари кои имале одредени ниски на непристојни зборови. Понатаму, жртва на навредлив коментар можела директно да ја информира компанијата-жалител, во кој случај коментарот бил веднаш отстрануван.
14. Компанијата-жалител направила напори да ги посоветува корисниците дека коментарите не претставуваат нивно мислење и дека авторите на коментарите биле одговорни за своите коментари. На интернет страницата на Делфи имало „Правила за коментирање“ кои меѓу другото го вклучувале и следново:
„Местото за пораки на Делфи е технички медиум кој на корисниците им дозволува да ги објават своите коментари. Делфи не ги уредува коментарите. Авторот на коментарот е одговорен за својот коментар. Вреди да се спомене дека имало случаи во естонските судови каде авторите биле казнувани за содржината на некој коментар...
Делфи забранува коментари чија содржина не е во согласност со добрата пракса.
Тоа се коментари кои:
- содржат закани;
- содржат навреди;
- поттикнуваат непријателство и насилство:
- поттикнуваат нелегални активности ...
- линкови на теми кои не се релевантни, спам или реклами;
- немаат суштина и/или се нерелевантни за темата;
- содржат непристојни изрази и вулгарности ...
Делфи го задржува правото да ги отстрани ваквите коментари и да го ограничи пристапот на нивните автори да пишуваат коментари ...“
Како функционира на системот на известување и отстранување било објаснето во „Правилникот за коментари“.
15. Владата се изјасни дека во Естонија Делфи биле познати по објавувањето на навредливи и понижувачки коментари. Оттука на 22 септември 2005 г. неделникот Ести Експрес објавил писмо од својот уредувачки одбор до Министерството за правда, вишиот јавен обвинител и канцеларот за правда во кое била изразена нивната загриженост заради непрекинатото напаѓање на луѓе на јавните веб страници во Естонија. Делфи биле наведени како извор на брутално и арогантно исмејување. Лицата на кои било упатено јавното писмо одговориле на истото во изданието на Ести Експрес од 29 септември 2005 година. Министерот за правда нагласил дека навредените лица имале право да ја одбранат својата чест и углед во суд со покренување на судски процес против Делфи и да бараат отштета. Вишиот јавен обвинител упатил на законските основи врз основа на кои заканите, поттикнувањето на општествена омраза и сексуална злоупотреба биле дела казниви согласно кривичниот закон и забележал дека одговорноста за клевета и навреда потпаѓале под граѓанска постапка. Канцеларот за правда упатил на законските одредби кои биле креирани за заштита на слободата на изразување како и заштита на честа и угледот на секого, вклучително и членовите 1043 и 1046 од Законот за облигациони односи (Võlaõigusseadus).
Б. Напис и коментари објавени на информативниот интернет портал
16. На 24 јануари 2006 г. компанијата-жалител објавила напис на порталот Делфи под наслов „СЛК го уништи планираниот пат по мраз“. Патишта по мраз се јавни патишта преку замрзнатото море коишто биле отворени меѓу копното на Естонија и некои острови во текот на зимата. Кратенката „СЛК“ се однесува на Шпедитерското претпријатие Сааремаа (AS Saaremaa Laevakompanii, јавно претпријатие со ограничена одговорност). СЛК нудело јавен превоз со траект меѓу копното и одредени острови. Л. бил член на надзорниот одбор на СЛК и единствениот или мнозински сопственик на акции во компанијата во материјалното време.
17. На 24 и 25 јануари 2006 г. написот привлекол 185 коментари. Околу дваесет од нив содржеле лични закани и навредлив јазик упатен кон Л.
18. На 9 март 2006 г. адвокатите на Л. побарале од компанијата-жалител да ги отстрани навредливите коментари и барале 500.000 естонски круни (ЕЕК) (приближно 32.000 евра (ЕУР)) како надоместок за нематеријална штета. Барањето се однесувало на следниве дваесет коментари:
„1. (1) има струи кај [В]аинамери
(2) отвореното море е поблиску до местата на кои вие упатувате, а и мразот е потенок.
Предлог – ајде да постапиме како во педесеттите години од XX век, ајде да одиме до [К]уресаре со стапови и да го пикнеме [Л.] и [Ле.] во торба
2. глупав тапоглавец ...
и онака пливаат во пари заради тој монопол и државните субвенции, па сега почнаа да се плашат дека автомобилите ќе почнат да возат до островите неколку дена без да им ги полнат џебовите. Да изгориш во сопствениот брод, ненормален Евреину!
3. добро што иницијативата [на Ла.] не ги прекина врските на потпалувачите на интернет. Само продолжите така момци, [Л.] пикнете го во оган!
4. [мал Л.] ај оди и удави се некаде
5. аха ... Не можам да поверувам дека тоа се случило случајно ... пичка ви матер
6. пробисвет !!! [на руски јазик]
7. За што цимолите, шутнете го копилево еднаш и за секогаш [.] Во иднина другите ... ќе знаат каков ризик преземаат, имаат само еден краток живот.
8. ... дефинитивно е во право. Да се линчува како предупредување за другите [островјани] и идни мажи. Така повеќе такво нешто никогаш нема да се повтори! Во секој случај [Л.] навистина го заслужува тоа, зар не.
9. „добриот човек живее долго, неранимајковците ден или два“
10. Доколку имаше замрзнат пат, [човек] може лесно да заштеди и 500 за полна кола, да те ебам [Л.] плати за заштедата, зошто на твоите траекти им требаат 3 [часа] ако се толку добри мразокршачи, оди и крши мраз во пристаништето Паму ... наместо тоа, мајмун низаеден, јас сепак ќе го поминам [морскиот теснец] и ако се удавам ти ќе си виновен за тоа.
11. и никој не може да им се спротивстави на овие гомна?
12. жителите на Сарема и Хиума островите се 1:0 со овој кретен.
13. се прашувам дали ќе го кутнат [Л.] во Сарема? Да го изигра сопствениот народ на таков начин.
14. Луѓето ќе се препукуваат неколку дена на интернет, а криминалците (како и оние кои ги поддржавме и кои сами си ги избравме да не претставуваат) си ги полнат џебовите со пари и воопшто не се грижат за ова овде – никому не му е гајле за ова.
Во минатото [М.] и други големи криминалци беа главни, но лакомоста им се удри по глава (покојна ви душа). Порано или подоцна ќе удри и по овие неранимајковци. Тоа што си посадиле ќе си ожнеат, но сепак треба да бидат сопрени (со линчување бидејќи државата е немоќна – всушност тие се оние што раководат со државата), бидејќи тие живеат само за денес. После нив потоп.
15, овој [В.] еден ден ќе го гаѓам со торта.
да му се сневиди, штом ќе ставите казан на оган и штом ќе почне да се крева чад од оџакот на сауната, чавките од Сарема доаѓаат мислејќи дека ... ќе се коли прасе. Нема шанса
16. копилиња!!! Офелија исто така има класа за мраз, затоа ова не е оправдување дека имало потреба од Ола!!!
17. Естонската држава, раководена од олош [и] финансирана од олош, секако не ги казнува делата на олошот кои се против општеството. Но, секој [Л.] си има свој Михаелмас ... ова воопшто не може да се спореди со Михаелмасот на еден овен.[1] Всушност жал ми е за [Л.] – сепак е човек ... :D :D :D
18. ... доколку после такви дела [Л.] одненадеж замине на боледување и исто така следниот пат кога ќе се уништи замрзнатиот пат ... дали [тогаш] ќе се осуди да се однесува како свиња по трет пат? :)
19. копиле низаедно, тој [Л.] ... можев да си заминам со бебето дома наскоро ... а неговата компанија не може да гарантира нормални услуги со траект, а цените се такви ... вистински одвратна личност ... прашањето е чии џебови и усти се полнат со пари за тој да се однесува како свиња секоја година.
20. не можеш да направиш леб од лајна; ниту хартијата ниту интернетот не можат да издржат сè; и само за сопствена забава (навистина на државата и на [Л.] им е гајле за мислењето на луѓето) ... само за забава, без лакомење за пари – да му се помочам во увото [на Л.] и да му се посерам на неговата глава. :)”
19. Истиот ден, односно околу шест недели по нивното објавување, навредувачките коментари биле отстранети од страна на компанијата-жалител.
20. На 23 март 2006 г. компанијата-жалител одговорила на барањето на адвокатите на Л. Таа го информирало Л. дека коментарите биле отстранети согласно обврската за известување и отстранување и одбиле да платат обесштетување.
В. Граѓанската постапка против компанијата-жалител
21. На 13 април 2006 г. Л. покренал граѓанска постапка во Окружниот суд на Харју против компанијата-жалител.
22. На рочиштето на 28 мај 2007 година застапниците на компанијата-жалител поднеле, меѓу другото, дека во случаите како што бил „Бронзената ноќ“ (нарушување на јавниот ред заради преместувањето на споменикот на Бронзениот војник во април 2007 г.) Делфи отстранувале некаде меѓу 5.000 и 10.000 коментари дневно, исто така по сопствена иницијатива.
23. Со пресуда од 25 јуни 2007 г. барањето на Л. било отфрлено. Окружниот суд одлучил дека компанијата-жалител била ослободена од одговорноста согласно Законот за услуги на информатичкото општество (Infoühiskonna teenuse seadus), што се засновал на Директивата за електронска трговија (Директива 2000/31/EC на Европскиот парламент и на Советот од 8 јуни 2000 година за одредени правни аспекти на услугите на информатичкото општество, особено електронското тргување на внатрешниот пазар). Судот сметал дека треба да се направи разлика меѓу делот за коментари на информативниот портал на компанијата-жалител и новинарскиот дел. Управувањето со првиот дел од страната на компанијата-жалител било во суштина од механичка и пасивна природа. Компанијата-жалител не можела да се смета за објавувач на коментарите, ниту дека има некаква обврска да ги набљудува.
24. На 22 октомври 2007 г. Апелациониот суд на Талин му ја прифатил жалбата на Л. Тој сметал дека Окружниот суд направил грешка со тоа што утврдил дека компанијата-жалител била ослободена од одговорноста согласно Законот за услуги на информатичкото општество. Пресудата на Окружниот суд била укината и случајот бил вратен за повторно да биде разгледан од Основниот суд.
25. На 21 јануари 2008 г. Врховниот суд одбил да ја разгледа жалбата на компанијата-жалител.
26. На 27 јуни 2008 г. Окружниот суд во Харју откако повторно го разгледал случајот одлучил во корист на Л. Согласно насоките на Апелациониот суд, тој се повикал на Законот за облигациони односи и сметал дека Законот за услуги на информатичкото општество не можел да се примени. Тој забележал дека компанијата-жалител оставила забелешка на својата интернет страница дека коментарите не се уредуваат, дека оставањето на коментари кои биле спротивни на добрата пракса било забрането и дека компанијата-жалител го задржувала правото да ги отстрани таквите коментари. Постоел систем со чија помош корисниците можеле да ја известат компанијата-жалител за секакви несоодветни коментари. Меѓутоа, Окружниот суд сметал дека ова било несоодветно и не овозможувало соодветна заштита на личните права на другите. Судот одлучил дека самата компанијата-жалител требала да се смета за објавувач на коментари, и дека не можела да се избегне одговорноста со објавување изјава за оградување од одговорноста, изјавувајќи дека не биле одговорни за содржината на коментарите.
27. Окружниот суд одлучил дека самиот напис објавен на информативниот портал на Делфи бил балансиран. Меѓутоа низа коментари имале вулгарна форма; тие биле понижувачки и навредливи и ја повредувале честа, достоинството и угледот на Л. Коментарите не претставувале оправдани критики и достигнале ниво на прости навреди. Судот заклучил дека слободата на изразување не се однесувала на заштита на коментарите во случајот и дека личните права на Л биле повредени. На Л. му биле доделени 5.000 естонски круни (320 евра) како надоместок за нематеријална штета.
28. На 16 декември 2008 г. Апелациониот суд на Талин ја потврдил пресудата на Окружниот суд. Тој нагласи дека компанијата-жалител немала обврска да врши претходна контрола на поставуваните коментари на својот информативен портал. Меѓутоа, со оглед дека не се одлучиле на тоа, требало да се креира некаков ефективен систем којшто ќе обезбедил отстранување на незаконските коментари од порталот. Апелациониот суд сметал дека мерките преземени од компанијата-жалител биле недоволни и дека било спротивно на начелото на добра волја да се наметне товарот на мониторингот на коментарите на нивните потенцијални жртви.
29. Апелациониот суд го отфрлил аргументот на компанијата-жалител дека била ослободена од својата одговорност согласно Законот за услуги на информатичкото општество. Тој забележал дека компанијата-жалител не била технички посредник во однос на коментарите и дека нејзината активност не била од чисто техничка, автоматска и пасивна природа; наместо тоа ги канела корисниците да оставаат коментари. Оттука, компанијата-жалител нудела содржини, а не технички услуги.
30. На 10 јуни 2009 г. Врховниот суд одбил да ја разгледа жалбата на компанијата-жалител. Тој ја потврдил пресудата на Апелациониот суд во нејзината суштина, но делумно го изменил нејзиното образложение.
31. Врховниот суд го одлучил следново:
„10. Судскиот совет одлучи дека тврдењата дадени во жалбата не можат да послужат како основа за промена на пресудата на Апелациониот суд. Заклучокот на пресудата на Апелациониот суд е точна, но правното образложение на пресудата мора да се измени и дополни врз основа на членот 692 § 2 од Законот за граѓанска постапка.
11. Страните не ги оспоруваат следниве околности:
• на 24 јануари 2006 г. интернет порталот ‘Делфи’ на обвинетиот објавил напис под наслов ‘СЛК го уништи планираниот пат по мраз’;
• обвинетиот на посетителите на интернет порталот им давал можност да остават коментари за написот;
• меѓу коментарите објавени [avaldatud][2] за гореспоменатиот напис, 20 имаат навредлива содржина во однос на тужителот [Л.];
• обвинетиот ги отстранил навредливите коментари по приемот на писмото на тужителот на 9 март 2006 г.
12. Правниот спор меѓу страните е поврзан со тоа дали обвинетиот како претприемач е објавувач со рамките на значењето од Законот за облигациони односи, дали она што било објавено (содржината на коментарите) било незаконско, и дали обвинетиот бил одговорен за коментарите со незаконска содржина.
13. Судскиот совет се согласува со заклучокот на Апелациониот суд дека обвинетиот не потпаѓал во рамките на околностите кои ја исклучуваат одговорноста како што е назначено во членот 10 од ЗУИО [Законот за услуги на информатичкото општество].
Согласно членот 2 (6) од Законот за техничките прописи и стандарди, услуга на информатичкото општество е услуга утврдена во членот 2(1) од ЗУИО. Според одредбата од ЗУИО под „услуги на информатичкото општество“ се мисли на услугите што се обезбедуваат во форма на стопански или професионални активности на директно барање на примателот на услугите, без страните да бидат во исто време присутни на истата локација, и таквите услуги вклучуваат обработка, чување или пренесување на податоци преку електронски средства за дигитална обработка и чување на податоците. Оттука, важни услови за обезбедување на услуги на информатичкото општество се дека услугите се обезбедуваат без физичко присуство на страните, податоците се пренесуваат со електронски средства, а услугите се обезбедуваат со плаќање врз основа на барање на услугата од страна на корисникот.
Членовите 8 до 11 од ЗУИО ја утврдуваат одговорноста на провајдерите на различни услуги на информатичкото општество. Во членот 10 од ЗУИО се вели дека кога се обезбедува услуга која се состои од чување на информации обезбедени од примателот на услугата, провајдерот на услуга не е одговорен за информациите што се чуваат на барање на примателот на услугата под услов: (1) провајдерот на услугата всушност да не е запознаен со содржината на информацијата и, што се однесува до барањата за обесштетување, да не е свесен за никакви факти или околности кои укажуваат на некаква незаконска активност или информации; (2) провајдерот откако ќе дознае или ќе стане свесен за горенаведените факти, делува експедитивно во насока на отстранување или оневозможување на пристап до информацијата. Оттука, одредбата во прашање се применува во случај обезбедената услуга да се состои од чување на податоци на серверот [на провајдерот на услугата] и обезбедување на пристап до тие податоци за корисниците. Со оглед дека подложи на условите наведени во членот 10 од ЗУИО, провајдерот на таква услуга е ослободен од одговорноста за содржините на информациите што се чуваат од негова страна, бидејќи провајдерот на услуги чисто ја исполнува улогата на посредник во рамките на значењето на одредбата на која се упатува и не ја иницира или менува информацијата.
Бидејќи Законот за услуги на информатичкото општество се заснова на Директивата 2000/31/EC на Европскиот парламент и на Советот за одредени правни аспекти на услугите на информатичкото општество, особено електронската трговија на внатрешниот пазар (Директивата за електронска трговија), начелата и целите на Директивата исто така мораат да се земат во предвид при толкувањето на одредбите од Законот во прашање. Членовите 12 до 15 од Директивата кои ја формираат основата за членовите 8 до 11 од ЗУИО се надополнуваат со воведната одредба 42 од преамбулата на Директивата. Според оваа воведна одредба ослободувањето од одговорноста утврдена во членовите 12 до 15 опфаќа само случаи во кои активноста на провајдерот на услуга на информатичкото општество е ограничена на техничкиот процес на работа и давање пристап до комуникациската мрежа за која информациите што се обезбедуваат од трети страни се пренесуваат или привремено чуваат заради проста причини преносот да биде поефикасен; оваа активност е од чисто техничка, автоматска и пасивна природа, што значи дека провајдерот на услуга на информатичкото општество нема ниту знаење ниту контрола на информациите што се пренесуваат или чуваат. Оттука, давателите на т.н. „содржински услуги“ кои имаат контрола врз содржината на информациите што се чуваат се потпираат на исклучоците наведени во членовите од 12 до 15 од Директивата.
Судскиот совет го споделува мислењето на Апелациониот суд дека активностите на обвинетиот во објавувањето на коментарите не се чисто од техничка, автоматска и пасивна природа. Целта на обвинетиот не е чисто обезбедување на посредничка услуга. Обвинетиот го интегрирал делот со коментарите во својот информативен портал, канејќи ги посетителите на веб страницата да ги надополнат вестите со сопствени судови [hinnangud] и мислења (коментари). Во делот со коментари обвинетиот активно повикува да се оставаат коментари на вестите кои се појавуваат на порталот. Бројот на посети на порталот на обвинетиот зависи од бројот на коментари; приходите заработени од реклами објавени на порталот, од друга страна зависат од [бројот на посети]. Оттука обвинетиот има економски интерес од оставањето на коментари. Фактот дека обвинетиот не ги има пишувано коментарите не значи дека обвинетиот нема контрола врз делот со коментари. Обвинетиот ги спроведува правилата во делот со коментарите и прави измени (отстранува коментари) доколку тие правила се прекршени. Од своја страна корисникот на услугата на обвинетиот не може да го измени или избриши коментарот што тој или таа го оставил. Тој или таа може само да пријави несоодветен коментар. Оттука обвинетиот може да утврди кој од коментарите што се додадени ќе бидат објавени, а кои нема. Фактот дека обвинетиот не ја користи оваа можност не доведува до заклучокот дека објавувањето на коментари не е под контрола на обвинетиот. Судскиот совет се согласува со мислењето на Апелациониот суд дека обвинетиот, кој управува со информациите коишто се чуваат во делот за коментари, кој нуди содржински услуги, заради кои причини околностите коишто ја исклучуваат одговорноста, како што е наведено во членот 10 од ЗУИО, не важат во овој случај.
14. Не постои правен спор во однос на фактот дека обвинетиот е тој што го објавил написот под наслов „СЛК го уништи планираниот пат по мраз“, објавен на интернет порталот Делфи на 24 јануари 2006 г. Окружниот суд утврдил дека и обвинетиот исто така мора да се смета за објавувач на коментарите. Апелациониот суд којшто се согласува со тоа мислење, забележа дека фактот дека обвинетиот се потпирал на повреда на неговото право на слобода на изразување покажува дека се сметал себеси – а не авторите на коментари – за објавувач на коментарите. Според мислењето на Судскиот совет, во актуелниот случај и обвинетиот и авторите се издавачи на коментари во рамките на значењето на Законот за облигациони односи. Тужителот има право да избере кого ќе тужи. Тужбата била поднесена само против обвинетиот.
Судскиот совет ги образложил дефинициите за обелоденување и оној што обелоденува во став 24 од својата пресуда од 21 декември 2005 г. во граѓанскиот случај бр. 3-2-1-95-05, каде утврдува дека за потребите на членот 1047 од Законот за облигациони односи обелоденување [avaldamine] значи пренесување на информации на трети лица, а оној што обелоденува е лице кое пренесува информации на трети лица. Исто така, Судскиот совет објасни дека во случајот на објавување [avaldamine] на информации во медиумите, оној што обелоденува/објавува [avaldaja] може да биде медиумска компанија но и лицето кое ги пренело информации до медиумот. Објавувањето на вести и коментари на интернет портал исто така е новинарска активност [ajakirjanduslik tegevus]. Истовремено, заради природата на интернет медиумите [internetiajakirjandus] не може разумно да се бара од операторот на порталот да ги уредува коментарите пред нивното објавување на ист начин како кај печатените медиумски изданија [trükiajakirjanduse väljaanne]. Додека издавачот [väljaandja] [на печатено медиумско издание] преку уредувањето претставува иницијатор на објавувањето на коментар, на интернет порталот иницијатор на објавеното е оној што го напишал коментарот, којшто го прави достапен за општата јавност преку порталот. Затоа операторот на порталот не е лицето на кое му се обелоденуваат информациите. Заради [нивните] економски интереси од објавувањето на коментари, и издавач [väljaandja] на печатен медиум и операторот на интернет порталот се објавувачи/оние што обелоденуваат [avaldajad] како претприемачи.
Во случаите кои се однесуваат на пресуда за вредноста [väärtushinnang] дека му е наштетено и му е оцрнета честа и угледот на едно лице, при утврдувањето на дефиницијата за објавување/обелоденување и објавувач/оној што обелоденува не е релевантно дали пресудата за вредноста произлегува од објавената/обелоденетата информација или е навредлива заради нејзиното суштинско значење... Оттука, објавувањето/обелоденувањето на информацијата на трети лица за пресуда за вредноста во врска со едно лице (член 1046(1) од Законот за облигациони односи) и/или информациите кои дозволуваат да се донесе пресуда за вредноста, а објавувачот/оној што обелоденува е лице коешто ги пренесува таквите пресуди [hinnangud] и информациите на трети лица. Во актуелниот случај коментарите се направени достапни на неограничен број на лица (општата јавност).
15. Како одговор на тврдењата во жалбата на обвинетиот дека Апелациониот суд погрешно го применил членот 45 од Уставот, бидејќи при оправдувањето на попречувањето на слободата на изразување се потпирал на принципот на добра волја, а не на законот и дека отстранувањето на коментар од порталот претставува попречување на слободата на изразување на лицето кое го оставило коментарот, Судскиот совет го објаснува следново.
Уживањето на секакво основно право е ограничено од членот 19 § 2 од Уставот, кој предвидува дека секој мора да ги почитува и зема во предвид правата и слободите на другите, и мора да се придржува на законот при остварувањето на своите права и слободи и при остварувањето на своите обврски. Првата реченица од првиот став од членот 45 од Уставот го предвидува правото на секој на слобода на изразување односно правото на пренесување на информации со секаква содржина и на секаков начин. Тоа право е ограничено од забраната да се повреди честа и угледот на лицето како што е дадено во Уставот (член 17). Судскиот совет смета дека справувајќи се со судирот меѓу слободата на изразување од една страна и честа и угледот од друга страна, мора да се земе во предвид фактот дека членот 17 од Уставот, којшто е формулиран како забрана, не исклучува во целост мешање во однос на честа и угледот на лицето, туку само забранува клевета (членот 1046 од Законот за облигациони односи). Со други зборови, изоставувањето на гореспоменатата забрана не би било во согласност со Уставот (членот 11 од Уставот). Втората реченица од првиот став од членот 45 од Уставот ја вклучува можноста за ограничување на слободата на изразување со закон со цел да се заштити честа и угледот на лицето.
Во интерес на заштитата на честа и угледот на лицето, следниве одредби од Законот за облигациони односи можат да се сметаат дека ја ограничуваат слободата на изразување: членовите 1045 (1) (4), 1046 (1), 1047 (1), (2) и (4), 1055 (1) и (2), и 134 (2). Окружниот суд утврдил дека повредата на честа на жалителот не била оправдана; затоа била незаконска со оглед дека немало дискусија по темата во коментарите, а тужителот едноставно бил навредуван со цел да се понижи. Апелациониот суд исто така се согласил со тоа мислење. Судскиот совет утврди дека доколку членот 1046 од Законот за облигациони односи се толкува во согласност со Уставот, повредувањето на честа на едно лице е незаконско. Правната проценка од страна на судовите на дваесетте коментари од понижувачка природа е поткрепена. Судовите точно утврдиле дека тие коментари се клевета со оглед дека тие се од вулгарна природа, го понижуваат човековото достоинство и содржат закани.
Судскиот совет не се согласува со мислењето на Апелациониот суд дека отстранувањето на коментарите од незаконска природа кои ги повредуваат личните права на тужителот не претставува повреда на слободата на изразување на авторите на коментарите. Судскиот совет смета дека примената на некаква мерка со која се ограничува едно основно право на некој начин може да се смета како попречување на остварувањето на основното право. Меѓутоа попречувањето од страна на операторот на интернет порталот на слободата на изразување на лица кои оставаат коментари е оправдано од обврската на претприемачот-оператор на порталот да ја почитува честа и угледот на трето лице, согласно Уставот (член 17) и законот (член 1046 од Законот за облигациони односи) и да избегне да им се наштети (член 1045 (1) (4) од Законот за облигациони односи).
16. Според пресудата на Апелациониот суд, содржината на коментарите била незаконска; тие биле јазично несоодветни. Вредносните судови ... се несоодветни доколку му е очигледно на еден разумен читател дека нивното значење е вулгарно и имале за цел да го омаловажи човековото достоинство и да исмеваат некого. Коментарите не содржеле никакви информации кои би барале претерано потврдување по иницијатива на операторот на порталот. Оттука, тврдењето на обвинетиот дека не бил и не требало да биде свесен за незаконитоста на коментарите е неосновано.
На сметка на обврската што произлегува од законот за да се избегне предизвикување на штета, обвинетиот требал да го спречи објавувањето на коментарите со јасно незаконска содржина. Обвинетиот не го сторил тоа. Во согласност со членот 1047 (3) од Законот за облигациони односи, обелоденувањето на информации или други работи се смета за незаконско доколку лицето кое обелоденува информации или други работи или лицето кому му се обелоденети тие работи има легитимен интерес од обелоденувањето, и ако лицето кое ги обелоденува информациите ги потврдило информациите или другите работи на темелен начин што кореспондира со сериозноста на потенцијалната повреда. Објавувањето на јазично несоодветни вредносни пресуди со кои се повредува честа на друго лице не може да биде оправдано со потпирање на околностите што се посочени во членот 1047(3) од Законот за облигациони односи: таквите пресуди не произлегуваат од некои обелоденети информации туку се креираат и објавуваат со единствена цел да им се наштети на честа и угледот на засегнатото лице. Оттука, објавувањето на коментарите со евидентно незаконска природа исто така било незаконско. После обелоденувањето обвинетиот не успеал да ги отстрани коментарите – незаконската содржина за која требал да биде свесен - од порталот по сопствена иницијатива. Во такви околности, судовите разумно утврдиле дека тоа што обвинетиот не делувал е спротивно на законот. Обвинетиот е одговорен за штетата предизвикана на жалителот, со оглед дека судовите утврдиле дека обвинетиот не докажал отсуство на вина [süü] (член 1050(1) согласно Законот за облигациони односи).“
Г. Последователниот развој на настаните
32. На 1 октомври 2009 година Делфи најавил на својот интернет портал дека на лицата кои оставиле навредливи коментари не им било дозволено да оставаат нови коментари дури не ги прочитале и прифатиле правилата за коментирање. Понатаму, било најавено дека Делфи формирал тим на модератори кои спроведувале последователна контрола на коментарите оставени на порталот. Најпрво модераторите ги разгледале сите известувања од корисници за несоодветни коментари. Било следено и дали коментарите се придржувале на правилата за коментирање. Според објавените информации, бројот на коментари поставени од страна на читателите на Делфи во август 2009 г. изнесувал 190.000. Модераторите на Делфи отстраниле 15.000 коментари (околу 8%), главно оние што содржеле спам или нерелевантни коментари. Уделот на коментарите кои претставувале клевета бил помал од 0,5% од вкупниот број на коментари.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
33. Уставот на Република Естонија (Eesti Vabariigi põhiseadus) предвидува:
Член 17
„Ничија чест или углед не смее да биде предмет на клевета.“
Член 19
„(1) Секој има право на слободно само-остварување.
(2) Секој треба да ги почитува и да ги има во предвид правата и слободите на другите, и мора да се придржува на законот при остварувањето на своите права и слободи и при остварувањето на своите обврски.“
Член 45
„(1) Секој има право на слободно ширење на идеи, мислења, верувања и други информации преку збор, печатење, слика или други средства. Ова право може да биде ограничено со закон за да се заштити јавниот ред, моралот и правата и слободите, здравјето, честа и угледот на другите. Ова право може да биде ограничено со закон за државни службеници на национално и државно ниво за да се заштити една државна или деловна тајна или информации добиени во доверба, а до кои дошле заради нивната службена позиција, и семејниот и приватен живот на други како и во интерес на правдата.
(2) Не смее да има цензура.“
34. Членот 138 од Граѓанскиот законик (Општите принципи) (Tsiviilseadustiku üldosa seadus) предвидува дека правата треба да се остварат, а обврските извршат чесно. Правото не смее да се оствари на незаконски начин или со цел да се предизвика штета на друго лице.
35. Ставот 2 од членот 134 од Законот за облигациони односи (Võlaõigusseadus) предвидува:
„Во случај на обврска за надоместок на штета што произлегува од ... повреда на личното право, особено од клевета, одговорното лице треба да му надомести на оштетеното лице за нематеријална штета само ако тоа е оправдано заради сериозноста на повредата, особено заради физичка или емоционална болка.“
36. Членот 1043 од Законот за облигациони односи предвидува дека лице (tortfeasor) кое незаконски му предизвикува штета на друго лице (жртва) мора да ја надомести штетата доколку е виновно (süüdi) дека предизвикало штета или е одговорно за нанесување на штета согласно законот.
37. Членот 1045 од Законот за облигациони односи предвидува дека правењето на штета е незаконско доколку меѓу друго тоа произлегува од повреда на лично право на жртвата.
38. Законот за облигациони односи понатаму предвидува:
Членот 1046 – Незаконитост на штетата по личните права
„(1) Повредата на честа на едно лице, меѓу другото преку пренесување на незаслужен вредносен суд, неоправдано користење на името или сликата на едно лице, и прекршување не неповредливоста на приватниот живот на едно лице или друго лично право, е незаконско освен ако поинаку не е уредено со закон. При утврдувањето на незаконитоста ќе бидат земени во предвид типот на прекршувањето, причината и мотивот на прекршувањето и тежината на прекршувањето во однос на целта кон која се стреми.
(2) Прекршувањето на личното право не е незаконско доколку прекршувањето е оправдано во однос на други законски права заштитени со закон и правата на трети страни или јавни интереси. Во такви случаи, незаконитоста ќе биде утврдена врез основа на компаративна проценка на различни законски права и интереси заштитени со закон.“
Членот 1047 – Незаконитоста на обелоденувањето на неточни информации
„(1) Прекршувањето на личните права или попречувањето на економските или професионалните активности на едно лице по пат на обелоденување [avaldamine] на неточни информации или по пат на нецелосно или погрешно обелоденување на информации за лицето или активностите на лицето, е незаконско освен ако лицето кое ги обелоденува таквите информации го докаже тоа, во времето на нивното обелоденување, тој или таа не била свесна и од неа не се барало да биде свесна дека таквите информации биле неточни или нецелосни.
(2) Обелоденување на навредливи работи за лице или работи кои може да имаат негативни последици по економската состојба на едно лице, се смета за незаконско освен ако лицето кое ја обелоденува таа работа докаже дека се точни.
(3) Без разлика на одредбите од ставовите (1) и (2) од овој член, обелоденувањето на информации или други работи не се смета за незаконско доколку лицето кое обелоденува информации или други работи или лицето кому му се обелоденети тие работи има легитимен интерес од обелоденувањето, и ако лицето кое ги обелоденува информациите ги потврдило информациите или други прашања со темелност која кореспондира на сериозноста на потенцијалната повреда.
(4) Во случај на обелоденување на неточни информации, жртвата може да бара лицето кое ја обелоденило таквата информација да ја демантира информацијата или да објави корекција на сопствен трошок, без разлика дали обелоденувањето на информацијата било незаконско или не.“
Член 1050 – Вината [süü] како основа за одговорноста
„(1) Освен ако не е поинаку уредено со закон, лицето кое незаконски предизвикало штета докажува дека тој или таа не е виновен [süüdi] за предизвикување на штета.
(2) Состојбата, возраста, образованието, знаењето, способностите и други лични карактеристики на едно лице ќе бидат земени во предвид при проценката на вината [süü] на лицето за потребите на оваа Глава.
(3) Доколку неколку лица се одговорни за надоместок на штета и, согласно законот, еден или повеќе од нив се одговорни за надоместок за незаконски предизвиканата штета без разлика дали тие се виновни или не, погрешното однесување и формата на вината на лицата одговорни за надоместок на штетата ќе бидат земени во предвид при распределбата меѓу нив на обврската за надоместок на штетата.“
Член 1055 – Забрана на штетни дејствија
„(1) Ако незаконски нанесената штета се предизвикува постојано или постои закана дека ќе се нанесе незаконска штета, жртвата или лицето што е предмет на заканата има право да бара прекин на таквото однесување кое ја предизвикува штетата или на заканите од такво однесување. Во случај на телесна повреда, наштетување по здравјето или повреда на неповредливоста на личниот живот или на некои други лични права, може да се бара меѓу другото на лицето кое незаконски предизвикува штета да му се забрани да им приоѓа на други (забрана за приближување), да се регулира каде може да живее или начинот на комуникација или да се применат други слични мерки.
(2) Правото да бара прекин на однесувањето кое предизвикува штета како што е посочено во ставот (1) од овој член нема да се применува доколку е разумно да се очекува дека таквото однесување може да се толерира во услови на човечки соживот или заради значителен јавен интерес. Во такви случаи, жртвата ќе има право да бара надоместок за штета која била незаконски предизвикана.
...”
39. Законот за услуги на информатичкото општество (Infoühiskonna teenuse seadus) го предвидува следново.
Член 8 – Ограничена одговорност во случај на чисто пренесување на информации и обезбедување на пристап до комуникациска мрежа со јавни податоци
„(1) Кога се обезбедува услуга која се состои од чист пренос во комуникациската мрежа на јавни податоци на информации обезбедени од примателот на услугата или обезбедување на пристап до комуникациската мрежа на јавни податоци, тој што дава услуги нема да биде одговорен за пренесување на информации под услов провајдерот:
1. да не го иницира пренос;
2. да не го избере примателот на преносот; и
3. да не ги избере или модифицира информациите содржани во преносот.
(2) Актите на пренос и обезбедување на пристап во рамките на значењето на ставот 1 од овој член вклучуваат автоматско, посредно и привремено чување на пренесените информации, сè додека ова се случува единствено заради спроведување на пренос во комуникациската мрежа на јавни податоци, и под услов информациите да не се чуваат подолго од времето што е разумно неопходно за преносот.“
Член 9 – Ограничена одговорност во случајот на привремено чување на информации во кеш меморија
„(1) Кога се дава услуга којашто се состои од пренос во комуникациската мрежа на јавни податоци на информации обезбедени од примателот на услугата, провајдерот на услугата нема да биде одговорен за автоматско, посредно и привремено складирање на тие информации доколку методот на пренесувањето во прашање бара кеширање заради технички причини и кеширањето се извршува заради една единствена цел, а тоа е понатамошно пренесување на информации до други приматели на услугата на нивно барање да биде поефикасно под услов:
1. провајдерот да не ги модифицира информациите;
2. провајдерот да се придржува на условите за пристап до информации;
3. провајдерот да се придржува на правилата во врска со ажурирање на информациите, специфицирани на начин широко признат и користен во индустријата;
4. провајдерот да не се меша со законското користење на технологија која е широко призната и се користи од индустријата за да се стекне со податоци за употребата на информации;
5. провајдерот да делува експедитивно за да го отстрани или оневозможи пристапот до информации кои ги има складирано при стекнувањето на знаење за фактот дека информациите на почетниот извор на преносот биле отстранети од мрежата, или пристапот до нив бил оневозможен, или дека судот, полицијата или државниот надзорен орган има наложено такво отстранување.“
Членот 10 – Ограничена одговорност во случај на обезбедување на услуги за чување на информации
„(1) Кога се обезбедува услуга која се состои од чување на информации обезбедени од примателот на услугата, провајдерот на услуга не е одговорен за информациите што се чуваат на барање на примателот на услугата под услов:
1. провајдерот реално да не е запознаен со содржината на информациите и, што се однесува на побарувањата на обесштетување, да не е свесен за фактите или околностите од кои незаконското дејствување или информации се очигледни;
2. провајдерот кој ќе ги добие овие факти специфицирани во алинеја 1 од овој став или ќе стане свесен за нив, да делува експедитивно за да го отстрани или оневозможи пристапот до информациите.
(2) Ставот 1 од овој член нема да се применува кога примателот на услугата делува под надлежност или контрола на провајдерот.“
Член 11 – Обврска за следење
„(1) Провајдерот на услуга специфициран во членовите 8 и 10 од овој Закон не е обврзан да ги следи информациите при чистото пренесување од таму или обезбедувањето на пристап таму, привремено складирање од таму во кеш меморијата или складирање на барање на примателот на услугата, ниту провајдерот на услугата е обврзан активно да бара информации или околности што укажуваат на незаконска активност.
(2) Одредбите од ставот 1 од овој член нема да го ограничат правото на едно службено лице кои врши надзор да побара обелоденување на такви информации од страна на провајдерот на услуга.
(3) Од провајдерите на услуга се бара брзо да ги информираат надлежните надзорни органи за наводни незаконски активности што се преземени или информации што се обезбедени од примателите на нивните услуги посочени во членовите 8 до 10 од овој член, и да ги пренесат до надлежните власти информациите за примателите на нивната услуга со кого тие имаат договори за складирање.
...”
40. Членовите 244 et seq. од Законот за граѓанска постапка (Tsiviilkohtumenetluse seadustik) предвидуваат претпретресно собирање на докази (eeltõendamismenetlus) – процедура во која можат да се приберат докази пред судска постапка да биде покрената доколку може да се претпостави дека доказите можат да се изгубат или дека користењето на докази потоа може да вклучува проблеми.
41. Во пресуда од 21 декември 2005 година (случај бр. 3-2-1-95-05) Врховниот суд одлучил дека согласно членот 1047 од Законот за облигациони односи обелоденувањето (avaldamine) значело обелоденување на информации на трети лица. Лице кое пренело информации на медиум (meediaväljaanne) би можело да се смета за обелоденување (avaldaja) дури и ако тој или таа не го објавил/а написот (ajaleheartikli avaldaja) во прашање. Врховниот суд го повторил истиот став во своите последователни пресуди, на пример во пресуда од 21 декември 2010 г. (случајот бр. 3-2-1-67-10).
42. Во низа домашни случаи покренати се постапки за клевета против неколку обвинети, вклучително, на пример, издавач на весник и автор на напис (пресудата на Врховниот суд од 7 мај 1998 година во случајот бр. 3-2-1-61-98), издавач на весник и интервјуирано лице (пресудата на Врховниот суд од 1 декември 1997 година во случајот бр. 3-2-1-99-97), и исклучиво против издавач на весник (пресудата на Врховниот суд од 30 октомври 1997 г. во случајот бр. 3-2-1-123-97, и пресуда од 10 октомври 2007 година во случајот бр. 3-2-1-53-07).
43. После пресудата на Врховниот суд од 10 јуни 2009 г. во случајот со кој беше покренат случајот што сега се наоѓа пред Судот (случајот бр. 3-2-1-43-09), неколку пониски судови го решиле прашањето на одговорност во однос на коментарите поврзани со онлајн вестите објавени на сличен начин. Оттука, во пресуда од 21 февруари 2012 Апелациониот суд на Талин (случајот бр. 2-08-76058) ја потврдил пресудата на понискиот суд во врска со тврдењето на наклеветеното лице против издавач на весник. Издавачот бил прогласен за одговорен за погрдни коментари на интернет поставени од читатели во делот за коментари на онлајн изданието на весникот. Судовите одлучиле дека издавачот бил провајдер на содржина. Тие го отфрлиле барањето на издавачот за прелиминарна одлука на Судот на правдата на Европската унија (СПЕУ), одлучувајќи дека било евидентно дека обвинетиот не ги задоволил критериумите за пасивен провајдер на услуги како што претходно било протолкувано од СПЕУ и Врховниот суд, и дека релевантните правила биле доволно јасни. Затоа не биле потребни нови насоки од СПЕУ. Судовите исто така забележале дека согласно пресудата од 23 март 2010 г. на СПЕУ (Заеднички случаи C‑236/08 до C‑238/08 Google France and Google [2010] ECR I‑2417) националните судови требале да проценат дали улогата што ја играл провајдерот на услугата била неутрална, во смисла дека нејзината содржина била чисто техничка, автоматска и пасивна, посочувајќи на недостатокот на познавање или контрола на податоците кои ги чувале. Судовите сметале дека ваков не бил случајот со проблемот што бил изнесен пред нив. Со оглед дека издавачот веќе ги избришал погрдните коментари до моментот на носењето на пресудата, немало одлука по ова прашање; барањето на жалителот во однос на нематеријалната штета било отфрлено. Слична пресуда била донесена и од Апелациониот суд на Талин на 27 јуни 2013 г. (случај бр. 2-10-46710). И во тој случај информативниот интернет портал се сметал за одговорен за навредливи коментари оставени од страна на читатели, а барањето на жалителот за нематеријална штета било отфрлено.
III. РЕЛЕВАНТНИТЕ МЕЃУНАРОДНИ ИНСТРУМЕНТИ
А. Документи на Советот на Европа
44. На 28 мај 2003 г. на 840-от Состанок на замениците министри, Комитетот на министри на Советот на Европа усвоил Декларација за слободата на комуникацијата на интернет. Релевантниот дел од Декларацијата го вели следново:
„Земјите-членки на Советот на Европа,
...
Убедени исто така дека е неопходно да се ограничи одговорноста на провајдерите на услуги кога се јавуваат исклучиво како пренесувачи, или кога тие, со најдобра намера, обезбедуваат пристап или се домаќини на содржина од трети лица;
Повикувајќи се во однос на ова на Директивата 2000/31/EC на Европскиот парламент и Советот од 8 јуни 2000 г. за одредени правни аспекти на услугите на информатичкото општество, особено електронската трговија, на внатрешниот пазарот (Директива за електронска трговија);
Нагласувајќи дека слободата на комуникација на интернет не треба да биде на штета на човековото достоинство, човековите права и основните слободи на други, особено на малолетниците;
Со оглед дека мора да се најде рамнотежа меѓу почитувањето на волјата на корисниците на интернет да не се обелоденува нивниот идентитет и потребата органите на прогонот да ги откријат одговорните за кривични дела;
...
Прогласуваат дека тие бараат придржување на следниве начела на полето на комуникацијата на интернет:
Принцип 1: Правила за содржината на интернет
Земјите-членки не треба содржината на интернет да ја подложат на ограничувања кои одат подалеку од оние што се применуваат за другите средства за испорака на содржина.
...
Принцип 3: Отсуство на претходна државна контрола
Јавните власти не треба, преку општи мерки за блокирање или филтрирање, да ѝ оневозможат пристап на јавноста до информации и друга комуникација на интернет, без разлика на границите. Ова не го спречува инсталирањето на филтри за заштита на малолетници, особено на места што им се достапни како што се училишта или библиотеки.
Под услов заштитата од членот 10, Став 2 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи се почитуваат, можат да се преземат мерки за отстранување на интернет содржина која лесно може да се идентификува или од друга страна да се блокира пристапот до истата доколку надлежните национални власти усвоиле преодна или завршна одлука за нејзината незаконитост.
...
Принцип 6: Ограничена одговорност на провајдерите на услуга за интернет содржина
Земјите-членки не треба да им наметнуваат на провајдерите на услуги општа обврска за следење на содржината на Интернет за која даваат пристап, која ја пренесуваат или чуваат, ниту за активно барање на факти или околности кои укажуваат на незаконска активност.
Земјите-членки треба да обезбедат провајдерите на услуги да не се сметаат одговорни за содржина на интернет кога нивната функција е ограничена, како што е дефинирано со националниот закон, на пренесување на информации или на обезбедување на пристап до интернет.
Во случаи кога функциите на провајдерите на услуги се пошироки и тие содржат содржина која произлегува од други лица, земјите-членки треба да ги сметаат за подеднакво одговорни доколку не реагираат експедитивно со отстранување или оневозможување на пристап до информации или услуги веднаш штом ќе станат свесни, како што е дефинирано од националниот закон, за нивната незаконска природа или во случај на побарување на отштета за фактот или околностите кои ја обелоденуваат незаконитоста на активноста или информациите.
Кога согласно националното право се дефинираат обврските на провајдерите на услугите како што е утврдено во претходниот став, мора посебно внимание да се посвети на почитувањето на слободата на изразување на оние кои ја направиле информацијата достапна како и на соодветното право на корисниците да бидат информирани.
Во сите случаи, горе-споменатите ограничувања на одговорноста не треба да влијаат на можноста за издавање на судски налози кога од провајдерите на услуги се бара да го прекинат или спречат, во рамките на можностите, прекршувањето на законот.
Принцип 7: Анонимност
За да се обезбеди заштита од онлајн надзор и да се унапреди слободата на изразување на информации и идеи, земјите-членки треба да ја почитуваат волјата на корисниците на Интернет да не го обелоденуваат својот идентитет. Ова не ги спречува земјите-членки од преземање на мерки, и соработка за да се најдат оние што се одговорни за кривични дела, во согласност со националното право, Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи и други меѓународни договори на полето на правдата и полицијата.“
45. Во својата препорака CM/Rec(2007)16 до земјите-членки за мерки за промовирање на вредноста на јавните услуги на интернет (усвоена на 7 ноември 2007 г.), Комитетот на министри забележа дека интернетот би можел, од една страна значително да го унапреди остварувањето на одредени човекови права и основни слободи, а од друга би можел негативно да влијае на овие и други такви права. Тој препорачува земјите-членки да подготват јасна правна рамка со која ќе се исцртаат границите на улогите и одговорностите на сите клучни засегнати страни на полето на новите информатички и комуникациски технологии.
46. Препораката CM/Rec(2011)7 на Комитетот на министри до земјите-членки за новиот поим за медиуми (усвоен на 21 септември 2011 г.) гласи:
“...
Комитетот на министри согласно условите од членот 15. б од Статутот на Советот на Европа препорачува земјите-членки:
- да усвојат нов поширок поим за медиумите којшто ќе ги вклучува сите чинители во продукцијата и дистрибуцијата, до потенцијално голем број на луѓе на содржина (на пример информации, анализа, коментар, мислење, образование, култура, уметност и забава во форма на текст, аудио, визуелна, аудиовизуелна и друга форма) и апликации коишто се дизајнирани да овозможат интерактивна масовна комуникација (на пример социјални мрежи) или други интерактивно искуства од големи размери (на пример онлајн игри), додека задржуваат (во сите овие случаи) уредувачка контрола или надзор врз содржините;
- да ги разгледаат регулаторните потреби во однос на сите чинители кои испорачуваат услуги или производи во медиумскиот екосистем за да се гарантира правото на луѓето да бараат, добиваат и да пренесуваат информации во согласност со членот 10 од Европската конвенцијата за човекови права, и да ги прошират на тие чинители релевантните заштити од мешање коишто би можеле на друг начин да имаат негативен ефект врз правата од членот 10, вклучително што се однесува на состојбите што наметнуваат ризик да се дојде до несоодветно самоорганичување или самоцензура.
- да ги применат критериумите кои се воспоставени во додатокот на овој документ кога се разгледува реакција која е поделена на нивоа и со различен пристап за чинителите кои потпаѓаат под новиот поим за медиумите врз основа на релевантните стандарди на Советот на Европа поврзани со медиумите, осврнувајќи се на нивните посебни функции во медиумскиот процес и нивното потенцијално влијание и значење во обезбедувањето или унапредувањето на доброто владеење во едно демократско општество;
...”
Додатокот на Препораката го вели следново во релевантниот дел:
„7. Пристап поделен на различни нивоа бара секој од чинителите чии услуги се идентификувани како медиумски или како посредничка или помошна активност да има корист од соодветна форма (со различен пристап) и од соодветно ниво (поделено на нивоа) на заштита и дека одговорноста исто така да биде ограничена во согласност со членот 10 од Европската конвенција за човекови права и други релевантни стандарди развиени од Советот на Европа.
...
30. Уредничката контрола може да биде поткрепена со докази од одлуките за сопствената политика на читателите за содржината што треба да се направи достапна или да се промовира, и на начинот на кој да се презентираат или организираат. Старите медиуми понекогаш објавуваат експлицитно напишани уреднички политики, но истите исто така можат да се најдат во внатрешните инструкции или критериуми за избор или обработка (на пример верификација и потврда) на содржината. Во новите комуникациски средини, уредничките политики можат да бидат вградени во мисијата или условите за користење (кои можат да содржат многу темелни одредби за содржината), или можат да бидат изразени неформално како заложба за почитување на одредени начела (на пример, нетикета, мото).
...
32. Уредувачкиот процес може да ги вклучува корисниците (на пример ревизија од колеги и забележување на барања) со крајните одлуки коишто се носат согласно внатрешно дефиниран процес и земање во предвид на утврдените критериуми (реактивна умереност). Новите медиуми често се одлучуваат за ex post умереност (која често пати се нарекува пост-умереност) во однос на содржината генерирана од корисникот, што на прв поглед може да е незабележлива. Уредничките процеси исто така можат да бидат автоматизирани (на пример во случајот со алгоритамите ex ante селектирањето на содржина или споредување на содржина со материјал со авторски права).
...
35. Повторно, треба да се забележи дека различни нивоа на уредничка контрола одат заедно со различните нивоа на уредничка одговорност. Различните нивоа на уредничка контрола или уреднички модалитети (на пример ex ante како што е споредено со ex post умереност) бараат различни одговори и речиси сигурно ќе дозволат најдобро да го поделат на нивоа одговорот.
36. Последователно, провајдерот на посредничка или помошна услуга која придонесува за функционирањето и пристапувањето на еден медиум, но самиот не врши – или не треба да врши – уредничка контрола, и затоа има ограничена или никаква уредничка одговорност, не треба да се смета за медиум. Меѓутоа, нивното делување може да е релевантно во контекст на медиумите. Сепак, дејствијата преземени од провајдерите на посреднички или помошни услуги како резултат на законските обврски (на пример отстранување на содржина како одговор на судски налог) не треба да се смета за уредничка контрола во смисла на горенаведеното.
...
63. Важноста на улогата на посредниците треба да биде нагласена. Тие нудат алтернативни и комплементарни средства или канали за дистрибуција на медиумската содржина, и на тој начин го шират посегнувањето или унапредувањето на ефективноста во остварувањата на медиумите за различни намени и цели. На еден пазар на конкурентни посредници и помошници, тие можат значително да го намалат ризикот од мешање на властите. Меѓутоа со оглед на степенот на кој медиумите мораат да се потпираат на нив во новиот екосистем, исто така постои ризик од цензура која функционира преку поседници и помошници. Одредени ситуации исто така можат да претставуваат ризик за приватна цензура (од страна на посредници и помошници во однос на медиумите на кои им обезбедуваат услуги или содржина што ја поседуваат).“
47. На 16 април 2014 г. беше усвоена Препораката CM/Rec(2014)6 на Комитетот на министри до земјите-членки за Водичот за човекови права за корисниците на интернет. Релевантниот дел од Водичот го вели следново:
Слобода на изразување и информирање
„Имате право да барате, добивате или пренесувате информации и идеи по ваш избор, без мешање и без разлика на границите. Ова значи:
1. имате слобода да се изразите онлајн и да пристапите до информации и мислења и изразени мислења на други. Ова вклучува политички говор, гледишта во однос на религијата и мислења за кои постои наклонетост или се сметаат за ненавредливи, но исто така и за такви што можат да навредат, шокираат или да вознемират други. Треба да внимавате на угледот или правата на другите, вклучително и нивните права на приватност;
2. ограничувањата можат да се применуваат за изразени мислења кои поттикнуваат дискриминација, омраза или насилство. Овие ограничувања мораат да бидат законски, внимателно скроени и спроведени со судски надзор;
...
6. можете да се одлучите да не го откриете својот идентитет онлајн, на пример преку користење на псевдоним. Меѓутоа, треба да бидете свесни дека мерки можат да се преземат од страна на националните власти, кои можат да доведат до откривање на вашиот идентитет.“
Б. Други меѓународни документи
48. Специјалниот известувач на Советот на ООН за човекови права во врска со унапредувањето и заштитата на правото на слобода на мислење и изразување го кажа следново во својот извештај од 16 мај 2011 г. до Советот за човекови права (A/HRC/17/27):
„25. Како такви, легитимните типови на информации кои можат да бидат ограничени вклучуваат детска порнографија (да се заштитат правата на децата), говор на омраза (да се заштитат правата на погодените заедници), клевета (да се заштитат правата и угледот на други од неоправдани напади), директно и јавно поттикнување на геноцид (за да се заштитат правата на други), и залагање за национална, расна или религиозна омраза што претставува поттикнување на дискриминација, непријателство или насилство (да се заштитат правата на другите, како што е правото на живот).
...
27. Дополнително, специјалниот известувач нагласува дека заради единствените карактеристики на интернетот, правилата и ограничувањата коишто можат да се сметаат за легитимни и пропорционални за традиционалните медиуми честопати не е така со интернетот. На пример, во случаите на клевета на угледот на поединци со оглед на способноста на засегнатиот поединец да го оствари своето право да одговори веднаш за да се поправи предизвиканата штета, видовите на санкции коишто се применуваат за офлајн клеветата може да се непотребни или несразмерни. ...
...
43. Специјалниот известувач верува дека мерките за цензура никогаш не треба да се делегираат на приватно тело, и дека никој не треба да се смета за одговорен за содржината на интернет чиј автор не се тие. Навистина, ниедна држава не треба да користи или да присилува посредници да вршат цензура во нејзино име ...
...
74. Посредниците играат суштинска улога кога на корисниците на интернетот им се овозможува да уживаат во своето право на слобода на изразување и пристап до информации. Со оглед на влијанието кое без преседан го имаат врз тоа како и што се врти на интернет, државите сè повеќе бараат да наметнат контрола врз нив и да ги сметаат законски одговорни за тоа што не успеале да спечат пристап со содржина што се смета за незаконска.“
49. Во Заедничката декларација на специјалниот известувач на ООН за слобода на мислење и изразување, претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите и специјалниот известувач на ОАС за слобода на изразување, усвоена на 21 декември 2005 г., се вели следново:
„Никој не треба да се смета за одговорен за содржина на интернет чиј автор не се тие, освен ако тие или ја усвоиле таа содржина како сопствена или одбиле да ја почитуваат наредбата на судот за отстранување на таа содржина.“
IV. РЕЛЕВАНТЕН КОМПАРАТИВЕН МАТЕРИЈАЛ И ПРАВЕН МАТЕРИЈАЛ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА
А. Инструменти и судската пракса на Европската унија
1. Директивата 2000/31/EC
50. Релевантните делови од Директивата 2000/31/EC на Европскиот парламент и Советот од 8 јуни 2000 г. за одредени правни аспекти на услугите на информатичкото општество, особено електронската трговија, на внатрешниот пазарот (Директива за електронска трговија) го уредува следново:
„(9) Слободното движење на услугите на информатичкото општество може во многу случаи да биде специфично отсликување во Правото на заедницата од поопшт принцип, имено слободата на изразување како што е вградена во членот 10 (1) од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, коишто се ратификувани од страна на сите земји-членки; од оваа причина, директивите кои се занимаваат со услугите на информатичкото општество мораат да обезбедат дека во оваа активност можат да се впуштат слободно во контекст на тој член, што подложи само на ограничувањата дадени во ставот 2 од членот и во членот 46 (1) од Договорот; оваа Директива нема за цел да влијае на националните основни права и принципите поврзани со слободата на изразување.
...
(42) Ослободувањето од одговорноста утврдена во оваа Директива опфаќа само случаи во кои активноста на провајдерот на услуга на информатичкото општество е ограничена на техничкиот процес на работа и давање пристап до комуникациската мрежа преку која се пренесуваат или привремено чуваат информациите достапни за трети лица заради проста причини преносот да биде поефикасен; оваа активност е од чисто техничка, автоматска и пасивна природа, што значи дека давателот на услуга на информатичкото општество нема ниту знаење ниту контрола врз информациите што се пренесуваат или чуваат.
(43) Провајдерот на услуга може да има корист од исклучоци за ‘чист цевковод“ и за ‘кеширање’ кога тој на никој начин не е инволвиран во информацијата што се пренесува; ова бара меѓу другото тој да не ги модифицира информациите што ги пренесува; ова барање не се однесува на манипулациите од техничка природа кои се случуваат во текот на пренесувањето бидејќи тие не го менуваат интегритетот на информациите содржани во пренесувањето.
(44) Провајдерот на услуга кој намерно соработува со еден од примателите на неговата услуга со цел да изврши незаконски дела ги надминува активностите на ‘чист цевковод’ или ‘кеширање’ и како резултат не може да има корист од исклучоците од обврската утврдени за овие активности.
(45) Ограничувањата на обврската на посредничките провајдери на услуга во оваа Директива не влијаат врз можноста од судски налози од различни видови; таквите правни налози можат да се состојат од судски или административни налози кои бараат прекин или спречување на некакво прекршување, вклучително и отстранување на незаконски информации или оневозможување за пристап до информации.
(46) За да се има корист од ограничувањето на одговорноста на провајдерот на услуга на информатичкото општество, која се состои од чување на информации, откако ќе дознае или ќе стане свесен за нелегалните активност мора да делува експедитивно и да го отстрани или да го оневозможи пристапот до засегнатите информации; мора да се изврши отстранување или оневозможување на пристапот во насока на почитување на принципот на слобода на изразување и на процедурите што се воспоставени за оваа цел на национално ниво; оваа Директива не влијае на можноста на земјите-членки да воспостават посебни барања кои мора да бидат исполнети на експедитивен начин пред отстранувањето или оневозможувањето на пристапот до информациите.
(47) Земјите-членки се спречени да наметнуваат обврска за мониторинг на провајдерите на услуги само во однос на обврските од општа природа; ова не се однесува на обврските за мониторинг во конкретен случај и особено не влијае на наредбите на националните власти во согласност со националното законодавство.
(48) Оваа Директива не влијае на можноста за земјите-членки да бараат од провајдерите на услуги кои се домаќини на информациите обезбедени од примателите на нивните услуги, да пристапат внимателно на начин што може разумно да се очекува од нив и кој е утврден со национален закон со цел да се откријат и спречат одредени видови на незаконски активности.
...
Член 1 – Цел и опсег
1. Оваа Директива сака да придонесе кон соодветно функционирање на внатрешниот пазар преку обезбедување на слободно движење на услугите на информатичкото општество меѓу земјите-членки.
...
Член 2 - Дефиниции
За потребите на оваа Директива, следниве термини ќе го имаат следново значење:
(а) ‘услуги на информатичкото општество’: услуги во рамките на значењето на членот 1 (2) од Директивата 98/34/EC со измените од Директивата 98/48/EC;
(б) ‘провајдер на услуга’: секое физичко или правно лице кое обезбедува услуга на информатичкото општество;
(в) ‘етаблиран провајдер на услуга’: провајдер на услуга кој ефективно врши стопанска активност користејќи утврдена фирма на неодредено време. Присуството и употребата на технички средства и технологии кои се потребни за да се обезбеди услугата сами по себе не образува провајдер;
...
Дел 4: Одговорност на провајдерите на услуги - посредници
Член 12 – „Чист цевковод“
1. Кога се испорачува услуга на информатичкото општество која се состои од пренос во комуникациска мрежа на информации обезбедени од примател на услугата или обезбедување на пристап до комуникациска мрежа, земјите-членки треба да обезбедат провајдерот на услугата да не е одговорен за пренесената информација по услов провајдерот:
(a) да не го иницира преносот;
(б) да не го избере примателот на преносот; и
(в) да не ги избере или модифицира информациите содржани во преносот.
2. Актите на пренос и обезбедување на пристап во рамките на значењето на ставот 1 вклучува автоматско, посредно и привремено чување на пренесените информации, сè додека ова се случува единствено заради спроведување на пренос во комуникациската мрежа, и под услов информациите да не се чуваат подолго од времето што е разумно неопходно за преносот.
3. Овој член нема да влијае на можноста за суд или управен орган согласно правните системи на земјите-членки да побара од провајдерот на услугата да прекине или спречи прекршок.
Член 13 – „Кеширање“
1. Кога се испорачува една услуга на информатичкото општество која што се состои од пренос во комуникациска мрежа на информации обезбедени од примател на услугата, земјите-членки треба да обезбедат провајдерот на услугата да не е одговорен за автоматското, посредно и привремено складирање на таа информација, што се прави од проста причина самото пренесување на информацијата на други приматели на услугата на нивно барање да биде поефикасно, под услов:
(а) провајдерот да не ги модифицира информациите;
(б) провајдерот да се придржува на условите за пристап до информации;
(в) провајдерот да се придржува на правилата во врска со наградување на информациите, специфицирани на начин широко признат и користен во индустријата;
(г) провајдерот да не попречува законско користење на технологија, широко призната и користена од индустријата, за да се стекне со податоци за употребата на информацијата; и
(д) провајдерот да делува експедитивно за да го отстрани или оневозможи пристапот до информациите кои ги има складирано откако ќе дознае дека информациите на почетниот извор на преносот биле отстранети од мрежата, или пристапот до нив бил оневозможен, или дека суд или управен орган наредил такво отстранување или онеспособување.
2. Овој член нема да влијае на можноста за суд или управен орган, согласно правните системи на земјите-членки, да побара од провајдерот на услугата да прекине или спречи прекршок.
Членот 14 - Домаќин
1. Кога се испорачува услуга на информатичкото општество која се состои од чување на информации обезбедени од примателот на услугата, земјите-членки треба да обезбедат провајдерот на услуга да не е одговорен за информациите што се чуваат на барање на примателот на услугата под услов:
(а) провајдерот реално да не знае за нелегалната активност и, што се однесува на побарувањата на отштета, да не е свесен за фактите или околностите од кои незаконското дејствување или информации се очигледни; или
(б) провајдерот, кога ќе го дознае или сфати тоа, да делува експедитивно за да го отстрани или оневозможи пристапот до информациите.
2. Ставот 1 од овој член нема да се применува кога примателот на услугата делува под надлежност или контрола на провајдерот.
3. Овој член нема да влијае на можноста суд или управен орган, во согласност со правните системи на земјите-членки да бара провајдерот на услугата да го прекине или спречи прекршувањето, ниту пак тоа влијае на можноста земјите-членки да воспостават процедури кои раководат со отстранувањето или оневозможувањето на пристап до информации.
Член 15 – Нема општа обврска за мониторинг
1. Земјите-членки нема да наметнат општа обврска за провајдерите, кога ќе ги испорачуваат услугите опфатени со членовите 12, 13 и 14 да ги следат информациите кои ги пренесуваат или чуваат, ниту општа обврска активно да бараат факти или околности кои укажуваат на незаконска активност.
2. Земјите-членки можат да воспостават обврски за провајдерите на услуги на информатичкото општество брзо да ги известат надлежните јавни власти за наводни незаконски активности или информации обезбедени од приматели на нивните услуги или обврски да им пренесат на надлежните власти, на нивно барање, информации кои ја овозможуваат идентификацијата на примателите на нивната услуга со кого имаат договори за складирање.“
2. Директивата 98/34/EC со измените и дополнувањата од Директивата 98/48/EC
51. Директивата 98/34/EC на Европскиот Парламент и на Советот од 22 јуни 1998 г. која ги поставува процедурите за добивање на информации на полето на техничките стандарди и прописи и правилата за услугите на информатичкото општество со измените и дополнувањата со Директивата 98/48/EC го предвидува следново:
Член 1
„За потребите на оваа Директива, ќе се применуваат следниве значења ...
2. ‘услуга’, секаква услуги на информатичкото општество односно, секаква услуга која вообичаено се обезбедува за одредена цена, од далеку, преку електронски средства и на индивидуално барање од примател на услугите.
За потребите на оваа дефиниција:
- ‘од далеку’ значи дека услугата се испорачува без страните да бидат присутни во исто време на исто место,
- ‘преку електронски средства’ значи дека услугата првично се испраќа и се прима на местото каде што треба да стигне по пат на електронска опрема заради обработка (вклучително и дигитално компримирање) и складирање на податоци и целосно се пренесува, спроведува и прима преку жица, радио, оптички средства или други електромагнетни средства,
- ‘на индивидуално барање од примател на услугите’ значи дека услугата се испорачува преку пренесување на податоци на индивидуално барање.
Индикативна листа на услуги што не се опфатени со оваа дефиниција дадена е во Прилог V.
Оваа Директива нема да се применува за:
- услуги на радио емитување,
- услуги на телевизиско емитување опфатени со точката (a) од членот 1 од Директивата 89/552/EEC.“
3. Судската пракса на Судот на правдата на Европската унија
52. Во пресудата од 23 март 2010 г. (Joined Cases C‑236/08 to C‑238/08 Google France and Google) СПЕУ сметал дека за да се утврди дали одговорноста на провајдерот на услуга на кој се упатува може да се ограничи согласно членот 14 од Директивата 2000/31/EC, било неопходно да се испита дали улогата што ја играл провајдерот на услугата била неутрална, во смисла дека неговото однесување било чисто техничко, автоматско и пасивно упатувајќи на знаењето или контролата врз податоците што ги складирал. Членот 14 од Директивата за електронска трговија морал да се толкува на начин дека правилото што е воспоставено таму се применува за провајдер на услуга на упатување на интернет во случај тој провајдер на услуга да не играл активна улога од таков вид што ќе овозможи осознавање или контрола на складираните податоци. Доколку не играл таква улога, тој провајдер на услуга не може да се смета за одговорен за податоците што ги чувал на барање на некој што се рекламира, освен ако не дознал за незаконската природа на тие податоци или за таквата активност на тој што се рекламира, тој не успеал да делува експедитивно за да отстрани или оневозможи пристап до засегнатите податоци.
53. Во пресуда од 12 јули 2011 г. (Случајот C‑324/09 L’Oréal and Others) СПЕУ одлучил дека членот 14 (1) од Директивата 2000/31/EC требал да се толкува дека важи за оператор на онлајн пазар каде тој оператор не играл активна улога која му дозволувала да ги осознае или контролира складираните податоци. Операторот играл таква улога која обезбедувал помош која вклучувала пред сè оптимизирање на претставувањето на понудите за продажба во прашање или нивно промовирање. Кога операторот на онлајн пазарот не играл таква активна улога и дадената услуга како последица потпаѓала во рамките на опсегот на членот 14 (1) од Директивата 2000/31/EC, операторот сепак не можел, во случај кој можел да резултира со налог за исплата на отштета, да се потпира на исклучок од одговорноста предвидена во тој член доколку бил свесен за фактите и околностите врз основа на кои ревносен стопански оператор требал да сфати дека понудите за продажба во прашање биле незаконски, и во случај да бил толку свесен не успеал да делува на експедитивен начин во согласност со членот 14(1)(б) од Директивата 2000/31/EC.
54. Во пресудата од 24 ноември 2011 г. (случајот C-70/10 Scarlet Extended) СПЕУ одлучил дека не можело да се издаде правен налог против интернет провајдер на услуги со кој се барало од него да инсталира систем за филтрирање на сите електронски комуникации кои минуваат преку неговите услуги, особено оние што вклучуваат софтвер со рамноправен пристап, што се применувал неселективно на сите негови клиенти, како превентивна мерка, исклучиво на негов трошок и на неопределено време, и кој можел да го идентификува на мрежата на тој провајдер движењето на електронските датотеки кои содржат музички, кинематографски или аудиовизуелни дела за кои жалителот тврдеше дека имал право на интелектуална сопственост, со став да се блокира преносот на датотеките со чие споделување би биле прекршени авторските права.
55. Во пресуда од 16 февруари 2012 г. (Случајот C-360/10 SABAM) СПЕУ одлучил дека Директивите 2000/31/EC, 2001/29/EC и 2004/48/EC го спречиле националниот суд да издаде налог против провајдер кој давал услуга на домаќин во кој се барало од него да инсталира систем за филтрирање на информациите што се чувале на неговите сервери од страна на корисниците на неговите услуги, што ќе се применувал неселективно на сите тие корисници, како превентивна мерка, исклучиво на негова сметка и на неопределено време, и кој можел да го идентификува на мрежата на тој провајдер движењето на електронските датотеки кои содржат музички, кинематографски или аудиовизуелни дела за кои подносителот на судскиот налог тврдел дека имал право на интелектуална сопственост со став да спречи тие дела да станат достапни на јавноста со што би биле прекршени авторските права.
56. Во пресуда од 13 мај 2014 г. (Случајот C-131/12 Google Spain and Google) СПЕУ бил повикан да ја толкува Директивата 95/46/EC на Европскиот Парламент и на Советот од 24 октомври 1995 г. за заштита на лицата во однос на обработката на лични податоци и за слободно движење на такви податоци. Тој одлучил дека активноста на пребарувачот на интернет требала да се класификува како „обработка на лични податоци во рамките на значењето на Директивата 95/46/EC и одлучил дека обработката на лични податоци од страна на операторот на алатката за пребарување била подложна да влијае значително на основните права на приватност и на заштитата на личните податоци (гарантирани согласно членовите 7 и 8 од Повелбата за основните права на Европската унија), кога пребарувањето со таа алатка се вршело врз основа на името на поединецот, со оглед дека обработката му овозможувала на секој корисник на интернет да добие преку листата на резултати структуриран преглед на информации поврзани со тоа лице кои можеле да се најдат на интернет и со тоа помалку или повеќе да се добие детален профил за него. Исто така, ефектот од попречувањето на правата на предметот на податоците бил зголемен на сметка на важната улога што ја играл интернетот и пребарувачот во современото општество, што ги правеле информациите што биле на таква листа со резултати присутна насекаде. Во контекст на потенцијалната сериозност на тоа попречување, тоа не можело да се оправда чисто со економскиот интерес на операторот. СПЕУ сметал дека требало да се побара правична рамнотежа меѓу легитимниот интерес на интернет корисниците да имаат пристап до информациите и основните права на предметот на податоците. Основните права на предметот на податоците како општо правило ги надминувале интересите на интернет корисниците, меѓутоа рамнотежата можела да зависи од природата на информациите во прашање и нивната чувствителност по приватниот живот на предметот на податоците и од интересот на јавноста да ги има тие информации. СПЕУ одлучил дека во одредени случаи операторот на таквиот пребарувач бил обврзан да отстрани од листата на резултати прикажани после пребарувањето врз основа на врските на името на лицето со веб страници, објавени од трети лица и кои содржеле информации во врска со тоа лице, дури и кога нивното објавување на веб страницата во прашање само по себе било законско. Тоа било така особено кога податоците се чини дека биле несоодветни, нерелевантни или повеќе не биле релевантни, или претерани во однос на целта за која тие биле обработени и во контекст на времето што поминало.
57. Во пресуда од 11 септември 2014 г. (Случајот C-291/13 Papasavvas) СПЕУ одлучил дека со оглед дека компанијата што издавала весник кој го објавувала во онлајн верзија на својата веб страница во принцип знаела за информациите кои биле објавени и вршела контрола врз тие информации, не можело да се смета дека е „посреден провајдер на услуга“ во рамки на значењето на членовите 12 до 14 од Директивата 2000/31/EC, без разлика дали пристапот до веб страницата бил бесплатен или не. Оттука, одлучил дека ограничувањата на граѓанската одговорност посочена во членовите 12 до 14 од Директивата 2000/31/EC не важеле во случајот на компанија која издава весник и која имала веб страница на која била објавувана онлајн верзијата на весникот, таа компанијата добивала надоместок од приходот што го генерирала од објавувањето на комерцијални реклами на веб страницата, бидејќи знаела за информациите што се објавувале и вршела контрола на тие информации, без разлика дали пристапот до веб страницата бил бесплатен или не.
Б. Компаративен правен материјал
58. Од информациите достапни на Судот, се чини дека во низа од земјите-членки на Советот на Европа – кои исто така се земји-членки на Европската унија – Директивата за електронска трговија како што била транспонирана во националното право претставувала примарен извор на правото во областа во прашање. Исто така се чини дека колку е поголема инволвираноста на операторот во содржината на третата страна пред онлајн публикацијата – дали преку претходна цензура, уредување, избор на приматели, барање на коментари за претходно дефиниран предмет или усвојување на содржина како сопствен оператор – толку поголема е веројатноста дека операторот ќе се смета за одговорен за секаква содржина што се чува таму. Некои земји имаат усвоено одредени дополнителни прописи кои конкретно се занимаваат со процедури за отстранување во врска со наводно незаконска содржина на интернет и одредби во врска со дистрибуција на одговорноста во овој контекст.
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 10 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
59. Компанијата-жалител се жалеше дека тоа што биле сметани за одговорни за коментарите што биле објавени на нејзиниот информативен интернет портал значело повреда на слободата на изразување од членот 10 од Конвенцијата во која се вели следново:
„1. Секој човек има право на слобода на изразувањето Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.
2. Остварувањето на овие слободи, коешто вклучуваат обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.“
60. Владата го оспори тој аргумент.
А. Пресудата на Судскиот совет
61. Во својата пресуда од 10 октомври 2013 г. Судскиот совет на самиот почеток забележа дека гледиштата на страните се разликувале во однос на улогата на компанијата-жалител во овој случај. Според Владата, компанијата-жалител требала да се смета за тој што ги обелоденил навредливите коментари, додека компанијата-жалител сметала дека се работело за слобода за пренесување на информации кои се креирани и објавени од трети лица, и дека самата компанија-жалител не била објавувачот на коментарите на трета страна. Судскиот совет не постапил во насока на утврдување на точната улога што требала да се определи за активностите на компанијата-жалител и забележал дека во суштина не постоел спор меѓу страните дека одлуките на домашните судови во однос на компанијата-жалител претставувале попречување на нејзината слобода на изразување гарантирана со членот 10 од компанијата-жалител
62. Што се однесува до законитоста на попречувањето, Судскиот совет го отфрли аргументот на компанијата-жалител дека попречувањето на нејзината слобода на изразување не било „пропишано со закон“. Судскиот совет забележал дека домашните судови одлучиле дека активностите на компанијата-жалител не потпаѓале под опсегот на Директивата за електронска трговија и Законот за услуги на информатичкото општество. Тој сметал дека не била негова задача да го заземе местото на домашните судови и дека пред сè националните власти, имено судовите, требале да ги решат проблемите со толкувањето на домашното законодавство. Судскиот совет исто така бил задоволен дека релевантните одредби од граѓанското право – иако тие биле доста општи и им недостасувале детали во споредба, на пример со Законот за услуги на информатичкото општество – заедно со релевантната судска пракса, јасно кажувале дека медиумот бил одговорен за сите навредливи изјави објавени во неговите публикации. Судскиот совет го зел во предвид фактот дека компанијата-жалител била професионален издавач која го работела еден од најголемите информативни портали во Естонија, и исто така дека одредено ниво на озлогласеност можело да се придаде на коментарите објавени во делот за коментари. Во тој контекст, Судскиот совет сметаше дека компанијата-жалител била во позиција да ги оцени ризиците поврзани со нејзините активности и дека морало да може да се предвидат, до разумен степен, последиците што ова можело да ги предизвика.
63. Судскиот совет понатаму утврдил дека ограничувањето на слободата на изразување на компанијата-жалител било но насока на легитимната цел за заштитат на угледот и правата на други. Според гледиштето на Судскиот совет, фактот дека вистинските автори на коментарите исто така во принцип биле одговорни, не ја отстранувало легитимната цел да се смета за одговорна компанијата-жалител за секаква штета по угледот и правата на други.
64. Што се однесува до пропорционалноста на попречувањето, Судскиот совет забележал дека не било спорно дека коментарите во прашање претставувале клевета по својата природа. При оценувањето на пропорционалноста на попречувањето со слободата на изразување на компанијата-жалител, Судскиот совет ги зел во предвид следниве елементи. Најпрво, го разгледал контекстот на коментарите, второ, мерките што се примениле од страна на компанијата-жалител со цел да се спречат или отстранат навредливите коментари, одговорноста на вистинските автори на коментарите како алтернатива на одговорноста на компанијата-жалител, и четврто, последиците од домашните процедури по компанијата-жалител.
65. Поконкретно, Судскиот совет сметаше дека написот што бил објавен од компанијата-жалител кој ги предизвикал навредливите коментари се однесувал на прашање од јавен интерес и компанијата-жалител можела да предвиди негативни реакции и да примени одреден степен на внимателност за да избегне да се смета за одговорна дека им наштетила на угледот на други. Меѓутоа, претходното автоматско филтрирање и систем за пријавување и отстранување што ги користела компанијата-жалител не обезбедувале доволна заштита на правата на трети лица. Исто така, објавувањето на новински написи и објавувањето на коментарите на читателите во врска со нив било дел од професионалната работа на компанијата-жалител и нејзиниот приход од реклами зависел од бројот на читатели и коментари. Компанијата-жалител можела да оствари значителен степен на контрола врз коментарите на читателите и таа била во позиција да ја предвиди природата на коментарите што одреден напис можел да ги предизвика и да преземе технички или мануелни мерки за спречување клевети и навреди да бидат објавени. Исто така немало реална шанса да се покрене граѓанска жалба против вистинските автори на коментарите со оглед дека нивниот идентитет не можел лесно да биде утврден. Во секој случај, Судскиот совет не бил убеден дека мерките кои ѝ дозволувале на повредената страна да поднесе жалба само против авторите на навредливи коментари ќе овозможеле делотворна заштита на повреденото право на страните на свој приватен живот. Компанијата-жалител самата избрала да дозволи коментари од нерегистрирани корисници, и со тоа морало да се смета дека презела одредена одговорност за таквите коментари. Заради сите горенаведени причини, и со оглед на умерениот износ на отштетата што на компанијата-жалител ѝ било наложено да ја плати, ограничувањето на нејзината слобода на изразување се сметало за оправдано и сразмерно. Соодветно на тоа нема повреда на членот 10 од Конвенцијата.
Б. Изјаснување на странките пред Големиот судски совет
1.Компанијата-жалител
(а) Општи забелешки
66. Компанијата-жалител тврдеше дека во светот денес, содржината на интернет медиумите сè повеќе се креира од самите корисници. Содржина генерирана од корисник беше од голема важност – коментарите за вести и написи често пати покренувале сериозни дебати во општеството, па дури и ги информирале новинарите за прашање што не биле јавно познати, па така придонесувале за започнување на новинарски истраги. Можноста за „секој“ да придонесе во јавната дебата ја унапредува демократијата и ја исполнува целта на слободата на изразување на најдобар можен начин. Тоа било извонреден предизвик во овој контекст да дадат отчет оние кои ги прекршиле правата на другите при избегнувањето на цензура.
67. Што се однесува до содржина генерирана од корисник, компанијата-жалител сметала дека било доволно за еден домаќин експедитивно да ја отстрани содржината на трета страна колку што е можно побрзо откако ќе стане свесна за нејзината незаконска природа. Ако ова се сметало за недоволно од страна на Судот, анонимен јавен говор би бил забранет или би имало своеволни ограничувања за слободата за комуникација на оние што даваат коментари преку посредници, за што ќе е присилен да греши во делот на внимателност за да избегне можна последователна одговорност.
(б) Улогата на Делфи
68. Компанијата-жалител побарала од Големиот судски совет да го погледне случајот како целина, вклучително и прашањето дали компанијата-жалител требала да се карактеризира како традиционален издавач или посредник. Издавачот бил одговорен за целата содржина што ја објавувал без разлика кој бил автор на конкретната содржина. Меѓутоа, компанијата-жалител наместо тоа треба да се смета за посредник и како таков имала право да се придржува на посебен и предвидлив закон кој ја ограничува обврската за следење на коментарите од трета страна. Таа тврдеше дека посредниците не биле тие што можеле да одлучат за законитоста на содржината генерирана од корисник. Ова особено било така во однос на навредливата содржина со оглед дека самата жртва можела да ја процени предизвиканата штета по неговиот углед.
(в) Законитост
69. Компанијата-жалител тврдеше дека попречувањето на нејзината слобода на изразување – вклучително и нејзиното право да чува информации и да им овозможи на корисниците да пренесуваат свои мислења - не било пропишано со закон. Таа се изјасни дека немало законски акт или судска пракса во кои се велело дека еден посредник ќе се сметал за објавувач на содржина за која не бил свесен. Напротив, законот што се применувал во овој контекст изречно забранувал наметнување на одговорност на провајдерите на услуга за содржина на трета страна. Во врска со ова компанијата-жалител упатила на Директивата за електронска трговија, естонскиот Закон за услуги на информатичкото општество и Декларацијата на Советот на Европа за слобода на комуникацијата на интернет. Директивата предвидувала ограничена одговорност заснована на известување со процедури за отстранување на незаконска содржина. Со оглед дека провајдерите биле ослободени од одговорноста кога, при дознавањето за незаконска активност, тие делувале експедитивно на отстранување или оневозможување на пристап до засегнатите информации. Таквото отстранување или оневозможување на пристап морало да се спроведе така што ќе се почитува принципот на слобода на изразување воспоставен за оваа цел на национално ниво (воведна одредба 46 од Директивата). Компанијата-жалител тврдеше дека овој закон бил неспорно формулиран со доволна прецизност за да се овозможи граѓанинот да го регулира своето однесување. Според компанијата-жалител, нејзиното однесување било во целост во согласност со важечкиот закон бидејќи истиот ги отстранува негативните коментари истиот ден кога ќе бил известен од првиот жалител.
70. Компанијата-жалител понатаму тврдеше дека дури и постоечкиот закон за облигациони односи не ги класификувал дистрибутерите (поштенски работници, библиотеки, книжарници и други) како објавувачи. Оттаму, и понатаму било сосема нејасно како постоечкиот закон за облигациони односи се применувал на „нова област поврзана со новите технологии“ како што било изнесено во пресудата на Судскиот совет, односно на оператор на онлајн информативен портал кој дава услуга која им овозможува на корисниците да се во интеракција со новинарите и меѓу себе и да придонесе со вредни идеи кон дискусијата за прашања од јавен интерес. Немало никаков закон кој наметнувал обврска за компанијата-жалител проактивно да ги набљудува коментарите на корисниците.
(г) Легитимна цел
71. Компанијата-жалител не оспорувала дека попречувањето во прашање имало легитимна цел.
(д) Неопходни во едно демократско општество
72. Според компанијата-жалител, попречувањето не било неопходно во едно демократско општество. Таа тврдеше дека како резултат на пресудата на Судскиот совет таа имала две можности. Најпрво, можела да вработи цела армија на високо обучени модератори за да патролираат (во реално време) по секоја огласна табла (за секој новински напис) за да ја проверат секоја порака која би можела да биде обележана како клевета (или која би можела да ги повреди правата за интелектуална сопственост, меѓу другото), на крајот од денот, овие модератори, за секој случај, ќе ги отстранат сите чувствителни коментари и сите дискусии ќе бидат контролирани за да бидат ограничени на најмалку контроверзни прашања. Во спротивно може едноставно да се избегне толку голем ризик и да ги исклучи тие форуми во целост. Без разлика за што ќе се одлучи, технолошкиот капацитет да им се овозможи на обичните читатели можност слободно да коментираат за секојдневни вести и независно да преземаат одговорност за нивните сопствени коментари би бил напуштен.
73. Компанијата-жалител тврдеше дека пресудата на Врховниот суд имала „ефект на ладење“ во однос на слободата на изразување и дека ја ограничила слободата на компанијата-жалител да пренесе информации. Тоа достигнало до ниво на наметнување на обврска за цензура на приватни лица.
74. Во поткрепа на нејзиниот аргумент дека попречувањето не било потребно во едно демократско општество, компанијата-жалител се потпирала на следниве фактори.
75. Најпрво, тврдеше дека коментарите биле реакции од припадници на јавноста на настан предизвикан од Шпедитерската компанија Сааремаа, а не од самиот напис како таков. Понатаму, натписот бил избалансиран и неутрален. Тој се осврнувал на прашање од голема важност за жителите од најголемиот естонски остров кое влијаело на нивните секојдневни животи. Негативните реакции на читателите не биле предизвикани од членот туку од шпедитерската компанија.
76. Второ, компанијата-жалител применила доволно мерки за да ги спречи или отстрани навредливите коментари; во актуелниот случај коментарите во прашање биле отстранети истиот ден кога компанијата-жалител била известена за истите.
77. Трето компанијата-жалител тврдеше дека вистинските автори на коментарите требале да сносат одговорност за своите содржини. Таа не се согласуваше со наодот на Судскиот совет дека било тешко да се утврди идентитетот на авторите на коментарите и тврдеше дека идентитетите на авторите можеле да се утврдат во „претпретресната постапка на изнесување докази“ согласно членот 244 од Законот за граѓанска постапка. Откако имињата и адресите на авторите биле утврдени, можела да се поднесе жалба против нив без некаков проблем.
78. Четврто, компанијата-жалител инсистирала дека немало социјална потреба која притискала за воведување на строг стандард за одговорност на провајдерите на услуги. Таа тврдеше дека постоел европски консензус дека ниеден провајдер на услуга не треба да се смета за одговорен за содржина чиј автор не е тој. Соодветно на тоа, маргината на дискреционото право што им е дозволена на договорните држави во однос на ова била неопходно тесна. Понатаму таа сметаше дека умерената сума што ѝ било наложено да ја плати како надоместок за нематеријална штета не го оправдувала попречувањето. Исто така нагласи дека доколку компанијата-жалител уживала ограничена одговорност, првиот жалител немало да остане без правен лек – тој можел да ги тужи самите автори на коментарите. Компанијата-жалител приговарала на воспоставување на приватна цензура и тврдела дека било доволно да има систем составен од два дела во однос на заштитата на правото на третите страни: систем на известување и отстранување и можност за покренување на жалба против авторите на навредливите коментари. Не било убедливо утврдена „итна социјална потреба“ за одговорност на провајдерите на интернет услуги.
79. Компанијата-жалител исто така ја нагласила важноста од автономијата за слободниот говор на интернет; ова охрабрувало целосна вклученост на сите, вклучително и на маргинализираните групи, политички дисиденти и укажувачи (свиркачи), и им дозволувало на поединците да бидат безбедни од одмазда.
80. Конечно, компанијата-жалител тврдеше дека домашните судови очигледно погрешно го протолкувале правото на Европската унија (ЕУ). Таа се изјасни дека пресудата на Судскиот совет предизвикал судир меѓу обврските и правната несигурност, бидејќи придржувањето кон правото на ЕУ по прашањето на клевета за провајдерите на услуги - домаќини да ја направело државата одговорна согласно Конвенцијата, со оглед дека придржувањето на тестот што е даден во пресудата не би било во согласност со правото на ЕУ.
2. Владата
(а) Општи забелешки
81. Владата ги даде следниве забелешки во врска со опсегот на случајот. Најпрво, според судската пракса на Судот домашните судови биле тие што требале да одлучат за правото што се применувало на национално ниво и да го толкуваат. Понатаму, толкувањето на правото на ЕУ било задача на СПЕУ. Домашните судови, со образложени одлуки, одлучиле дека се применувал естонскиот Законот за облигациони односи, а не Директивата за електронска трговија или Законот за услуги на информатичкото општество. Големиот судски совет исто така треба да постапува поаѓајќи од оваа пресумпција и тврдењата на компанијата-жалител за важењето на правото на ЕУ биле недопуштени. Второ, Владата нагласи дека постоеле низа различни видови на интернет портали и прашањето на одговорноста на операторите не може да се генерализира. Актуелниот случај бил ограничен на активности на порталот на Делфи во материјалното време. Во врска со тоа Владата посочи дека Делфи активно ги повикувал читателите да коментираат за написите што самиот ги избрал; објавувал анонимни коментари поставени за тие написи во истата средина, а коментарите можеле да бидат изменети или избришани само од Делфи. Одговорноста на компанијата-жалител треба да се процени во тој посебен контекст.
82. Владата нагласи дека не било спорно дека коментарите во прашање биле навредливи.
83. Владата забележа дека и покрај тврдењата на компанијата-жалител во таа насока, таа била присилена да ги отстрани анонимните коментари или да го смени својот бизнис модел. Напротив, Делфи остана најголем интернет портал во Естонија; анонимното коментирање и понатаму било можно на порталот, а бројот на коментари пораснал од 190.000 коментари месечно во 2009 г. на 300.000 во 2013 година. Според написот објавен на 26 септември 2013 г., Делфи бришел 20.000 до 30.000 коментари месечно (7 до 10% од сите коментари). Постимис (Postimees), вториот најголем портал бришел до 7% од вкупно 120.000 коментари. Двата портали имале пет вработени кои се занимавале со отстранување на навредливи коментари. Од декември 2013 г. Делфи користел дел за коментирање од два слоја каде регистрираните и анонимните коментари биле прикажувани посебно.
(б) Законитоста
84. Владата инсистираше дека попречувањето на правата на компанијата-жалител било „пропишано со закон“. Тие упатија на домашното законодавство и судската пракса сумирана во параграфите 32-36, 38 и 39 од пресудата на Судскиот совет, како и релевантната судска пракса на Судот како што е сумирана во пресудата на Судскиот совет. Владата исто така посочи дека немало естонска судска пракса врз основа на која Делфи – кој охрабрувал објавување на коментари за написите што тој ги избирал и објавувал – можел да претпостави дека сопственикот на интернет порталот како нов медиум не бил одговорен за штетата предизвикана од коментарите што биле објавени по неговите написи, што биле составен дел од веста и кои само Делфи можел да ги администрира. Исто така, додека дошло времето кога домашната пресуда била изречена во Делфи случајот, било повеќе од јасно дека интернет медиумите имале широко влијание врз јавноста и дека за да се заштити приватниот живот на другите, правилата за одговорност морале да се применат и за новите медиуми.
85. Владата повтори дека не треба да се земат во предвид упатувањата на компанијата-жалител на правото на ЕУ и Законот за услуги на информатичкото општество. Големиот судски совет може да процени само дали ефектите од толкувањето на Законот за облигациони односи биле компатибилни со членот 10 § 2 од Конвенцијата и не можел да ја проценува законската регулатива која домашните судови сметале дека не важи. Тие исто така посочија дека домашните судови посветиле доволно внимание на прашањето дали компанијата-жалител можела да се смета за провајдер на услуги на кеширање или имала улога на домаќин. Меѓутоа, тие одлучиле дека не бил таков случајот. Особено, во случај кога е домаќин, провајдерот на услуга чисто обезбедувал услуга за складирање на податоци, додека складираните податоци и нивното внесување, измени, отстранување и содржина останувале под контрола на корисниците на услугата. Меѓутоа во делот на Делфи наменет за коментирање, коментаторите изгубиле контрола врз своите коментари во моментот кога ги внесувале и не можеле да ги изменат или избришат. Исто така со оглед на другите аспекти од случајот - Делфи ги избирал написите и нивните наслови; Делфи ги канел читателите да коментираат и ги поставил правилата за коментирање (вклучително дека коментарите морале да бидат поврзани со написот); Делфи имал корист од приходи од реклами колку повеќе коментари биле оставани; Делфи исто така селективно ги следел коментарите – домашните судови одлучиле дека Делфи не делувал само како технички провајдер - посредник на услуга и не можел да се класификува ниту како кеш ниту како домаќин. Владата исто така нагласила дека СПЕУ никогаш не судел за случај сличен на случајот со Делфи. Во секој случај дури и ако судската пракса на СПЕУ, како што е случајот Л’Ореали други, била релевантна, може да се заклучи дека улогата играна од Делфи била активна и не можеле да му се одобрат ослободувањата од одговорноста согласно Директивата за електронска трговија.
(в) Легитимна цел
86. Владата се изјасни дека попречувањето на правата на компанијата-жалител согласно членот 10 имало легитимна цел да се заштити честа на другите.
(г) Неопходно во едно демократско општество
87. Што се однесува до прашањето дали попречувањето било неопходно во едно демократско општество, Владата на самиот почеток ја нагласи важноста на рамнотежата меѓу членовите 10 и 8 од Конвенцијата.
88. Владата во голема мерка упатуваше на релевантното образложение на пресудата на Судскиот совет. Исто така тие го нагласија следново.
89. Најпрво што се однесува до контекстот на коментарите, Владата забележа дека домашните судови му дале на важност на фактот дека изборот и објавувањето на информативни написи и објавувањето на коментари на читателите на тие написи во истата средина било дел од професионалната работа на компанијата-жалител како некој што обелоденува информации. Делфи ги канел читателите да коментираат по написите – честопати давајќи им на написите провокативни наслови и покажувајќи низа коментари на главната страница веднаш после насловот со помасни букви, со цел коментарите за написот да бидат попримамливи – што од своја страна носело приходи од реклами.
90. Второ, во однос на мерките што се применувале од компанијата-жалител, Владата ја нагласила важноста од обезбедување на заштита на третите страни во однос на интернет, кој станал широк медиум кој бил достапен за мнозинството од населението и се користел секојдневно. Владата додаде дека обврската на компанијата-жалител за коментарите исто така била очигледна со оглед дека самите автори на коментарите не можеле да ги изменат или избришат коментарите откако ќе биле објавени на порталот на Делфи – само компанијата-жалител имала таква техничка можност. Владата исто така посочила дека секоја пренесена информација преку интернет толку брзо се ширела што мерките преземени после поминати недели, па дури денови, при заштита на честа на едно лице повеќе не биле доволни затоа што навредливите коментари веќе стигнале до јавноста и направиле штета. Владата понатаму тврдеше дека најголемите меѓународни информативни портали не дозволувале анонимни (односно нерегистрирани) коментари и упатиле на мислењето дека постоел тренд за оддалечување од анонимноста. Истовремено, анонимните коментари обично биле понавредливи од коментарите на лица кои биле регистрирани, а острите коментари привлекувале повеќе читатели. Владата тврдеше дека Делфи бил озогласен токму од тие причини.
91. Трето, што се однесува до одговорноста на самите автори, Владата се изјаснила дека во граѓанските постапки – правен лек што се претпочитал наспроти кривичните правни лекови во случаи на клевета – истражните мерки од типот на надгледување, не бил достапен. Во однос на процедурата за „претпретресно собирање на докази“, Владата тврдеше дека ова не било разумна алтернатива во случајот на анонимните коментари. Најпрво, релевантните адреси на Интернет протоколот (ИП) не секогаш можат да се утврдат, на пример доколку корисникот на податоците или коментар бил избришан или се користел анонимен прокси. Второ, дури и ако компјутерите што се користеле за објавување на коментари можеле да се идентификуваат, сè уште можело да се покаже како невозможно да се идентификуваат лицата кои ги напишале коментарите, во случаи кога се користи јавен компјутер, Ви-Фи точка за приклучување, динамична ИП адреса или сервер во странска земја или од други технички причини.
92. Четврто, што се однесува до последиците од домашните постапки за компанијата-жалител, Владата забележа дека Делфи немал потреба да го менува својот бизнис модел или да забрани анонимни коментари. Всушност вкупниот број на коментари – од кои мнозинството биле анонимни - се зголемил додека Делфи сега вработувал пет модератори. Владата исто така посочила дека одлуката за одговорност не била насочена кон изрекување огромни или казнени износи за надоместок. Навистина, во случајот на Делфи надоместокот што морал да го плати за нематеријална штета бил занемарлив (320 евра), а во последователната судска пракса (види параграф 43 горе) судовите одлучиле дека одлуката за повреда или бришењето на коментар можела да се смета за доволен правен лек. Владата заклучи дека граѓанската одговорност на компанијата-жалител немала „ефект на ладење“ по слободата на изразување, туку била оправдана и сразмерна.
93. Конечно, упатувајќи на законодавството и праксата на неколку европски земји, Владата тврдела дека не постоел европски консензус или тренд насочен кон исклучување на обврската на еден сопственик на интернет портал кој делувал како провајдер на услуга и некој што обелоденува анонимни коментари за сопствените написи.
В. Аргументите на третите страни што интервенираа
1. Хелсиншката фондација за човекови права
94. Хелсиншката фондација за човекови права од Варшава ја нагласи разликата меѓу интернетот и традиционалните медиуми. Таа забележа дека онлајн сервисите како Делфи истовремено имале две улоги: провајдери на содржина во однос на своите сопствени вести и провајдери-домаќини за коментарите на трети лица. Таа се изјасни дека контролирањето на содржината генерирана од корисник или моќта да се оневозможи пристап до неа не треба да се смета како да постои ефективна уредничка контрола. Посредничките провајдери на услуга не треба да се сметаат за традиционални медиуми и не треба да подложат на истиот режим на одговорност.
95. Хелсиншката фондација тврдеше дека авторите треба да се одговорни за своите навредливи коментари, а државата треба да обезбеди регулаторна рамка што ќе овозможи идентификување и гонење на онлајн прекршителите. Истовремено, исто така тврдеше дека можноста за анонимно објавување на интернет треба да се смета за вредност.
2. Членот 19 (Article 19)
96. Членот 19 тврдеше дека една од најиновативните одлики на интернетот е леснотијата со која му се дозволува на секое лице да изрази сопствените гледишта пред целиот свет без да бара претходно одобрение од издавачите. Платформите за коментирање овозможувале и промовирале јавна дебата во својата најчиста форма и ова не било поврзано со давањето на вести. Што се однесува до фактите и формата, на деловите за коментари на веб страниците за вести повеќе се гледало како на весници кои го присвојувале моделот на приватна дискусија кој се изнедрил од интернетот, а не обратно. Членот 19 тврдеше дека со тоа што веб страниците ќе биле направени одговорни за коментарите оставени од корисниците ќе се наметнел неприфатлив товар за веб страниците.
97. Членот 19 тврдеше дека Директивата за електронска трговија имала за цел да ги заштити веб страниците од одговорност за коментарите на нивните корисници, без разлика на нивната сопствена содржина. Членот 19 инсистирал дека додека правилата за нормална одговорност треба и понатаму да се применуваат за онлајн информативните сајтови за написите кои ги објавуваат, тие требале да се сметаат за домаќини – а не издавачи – за потребите на делот за коментирање на нивната веб страница. Како домаќини, онлајн вестите во принцип треба да бидат имуни од одговорност за содржината на трето лице во околностите кога тие не биле инволвирани во директно модифицирање на содржината во прашање. Тие не требале да се сметаат за одговорни кога ги презеле сите разумни чекори за отстранување на содржина по добивањето на известување, и тие не требале автоматски да се сметаат за одговорни само затоа што одлучиле да не отстранат коментар кој им бил пријавен.
3. Пристап (Access)
98. Според Пристап, анонимноста и користењето на псевдоними, ги поддржувале основните права на приватност и слобода на изразување. Редовна забрана за анонимно користење на интернетот ќе претставувало попречување на правата на приватност и слободата на изразување заштитени согласно членовите 8 и 10 од Конвенцијата и општите ограничувања за анонимноста и изнесувањето на ставови под псевдоними би ја влошиле самата суштина на овие права. Пристап упати на богатата судската пракса од неколку земји која го штитела правото на анонимна комуникација, онлајн и офлајн.
99. Понатаму Пристап посочи дека услугите дизајнирани да обезбедат зајакната доверливост и анонимност додека се користи интернетот станало попопуларно пред обелоденувањето на масовни онлајн надгледувања. Понатаму тврдеше дека ограничувањето на корисниците на интернетот на идентификуван израз би ѝ наштетил на интернет економијата, и упатил на истражување кое заклучило дека оние што најмногу коментирале онлајн користеле псевдоними.
100. Што се однесува до политиката за вистинско име, доказите од Кина покажале дека таквата мерка предизвикала драматичен пад во бројот на објавени коментари. Искуството во Кореа покажало дека политиката на користење на вистинско име не успеала суштински да ги подобри коментарите, додека се дискриминирало против домашните интернет компании, бидејќи корисниците барале алтернативни, меѓународни платформи кои сè уште дозволувале анонимни и коментари под псевдоним.
4. Иницијативата за правна одбрана на медиумите (Media Legal Defence Initiative)
101. Иницијативата за правна одбрана на медиумите (МЛДИ) се изјасни во име на дваесет и осум невладини и медиумски организации и компании. Тие забележаа дека големо мнозинство од медиумските им дозволуваат коментари на читателите. Преку можноста за коментари, читателите можат да дебатираат за вестите меѓу нив како и со новинари. Ова ги трансформираше медиумите од еднонасочен проток на комуникација во партиципативна форма на говор, која го препознава гласот на читателот и дозволува да се објават различни ставови.
102. МЛДИ забележаа дека границите меѓу пристапот и содржината сега сè повеќе биле заматени, а „посредниците“ вклучувале унапредени услуги за пребарување, онлајн пазари, веб 2.0 апликации и сајтови за социјално вмрежување. Од перспектива на корисниците, тие сите го олесниле пристапот и употребата на содржината и биле од клучна важност за реализацијата на правото на слобода на изразување.
103. МЛДИ тврдеше дека било задача на државите да обезбедат регулаторна рамка која штитела и промовирала слобода на изразување, при тоа гарантирајќи други права и интереси. Тие понудиле детален преглед на регулаторната рамка за посредничка одговорност во Соединетите Американски Држави и во ЕУ. Тие забележаа дека пристапите во овие јурисдикции биле специфични, но сепак слични со глед дека било препознаено дека некое ниво на заштита за посредниците било од витална важност и дека немало барање посредниците да ја набљудуваат содржината на корисникот. Тие исто така забележаа дека во некои земјите-членки процедурите за известување и отстранување резултирале со претерана одговорност на посредниците и отстранување на легитимната содржина.
104. МЛДИ исто така ги објасни и добрите пракси што се јавуваат во регулирање на содржината генерирана од онлајн медиумите. Тие посочија дека мнозинството публикации во Северна Америка и Европа не ги проверувале или набљудувале коментарите пред да бидат објавени. Меѓутоа вршеле одредена контрола после објавувањето. Многу онлајн медиуми исто така користат софтвер за филтрирање и имаат механизми за блокирање на корисниците кои постојано ги кршат правилата. Мнозинството онлајн медиуми, вклучително и водечките онлајн изданија на европските весници бараат регистрирање на корисникот, но од корисниците не се бара да ги обелоденат своите вистински имиња.
5. EDiMA, CCIA Europe и EuroISPA
105. Европското здружение на дигитални медиуми (European Digital Media Association (EDiMA)), Здружението на компјутерската и комуникациската индустрија (Computer & Communications Industry Association (CCIA Europe) и EuroISPA, Пан-европско здружение на европските провајдери на интернет услуги, заеднички ги изнесоа своите ставови како трети страни.
106. Страните што интервенираа тврдеа дека постоела утврдена рамнотежа која до сега е постигната во законодавството, меѓународните договори и препораки според кои најпрво провајдерите на услуги кои се домаќини биле ослободени од одговорност за содржина во отсуство на „вистинско сознание“ и второ на државите им било забрането да бараат од провајдерите домаќини да спроведуваат општо набљудување на содржината.
107. Тие забележаа дека додека некои од информациите што се достапни онлајн доаѓаат од традиционални издавачки извори како што се весници, и со право биле регулирани со закон што важел за издавачи, големо количество на онлајн содржина доаѓала пак од поединци кои можеле да ги изнесат своите гледишта без контрола од традиционалните уредувачки институции. Опциите за коментирање давале право да се одговори и со тоа биле суштински различни од традиционалните публикации каде таквото право не постоело.
108. Страните што интервенираа тврдеа дека технологијата и оперативните процеси за дискусија по онлајн весите како на Делфи, технолошки не се разликувале од услугите за хостирање како што биле платформите на социјалните медиуми / вмрежување, блоговите / микроблоговите и други. Содржината што била подготвена и ставена од страна на корисниците автоматски станувала јавно видлива без човечка интервенција. За многу домаќини разгледувањето од таков размер го правело проактивното човечко ревидирање на содржината ставена од страна на сите корисници ефективно невозможно. За малите веб страници и почетниците, контролата на содржината најверојатно е особено голем предизвик и може да чини премногу .
109. Страните што интервенираа тврдеа дека воспоставената законска рамка во ЕУ и другите земји предвидувала систем со известување и отстранување како правна и практична рамка за да се биде домаќин на содржина на интернет. Оваа рамнотежа на обврски меѓу корисниците и домаќините дозволува платформи за идентификување и отстранување на навредлив или друг незаконски говор, додека во исто време овозможува робусна дискусија на контроверзни теми во јавни дебати; поради тоа работата со платформи за поставување на говор можела да биде од големи размери.
Г. Оценка на Судот
1. Прелиминарни забелешки и опсегот на проценката на Судот
110. Судот забележува на самиот почеток дека активноста на изразување генерирана од корисниците на интернет обезбедува платформа од нечуени размери за примена на слободата на изразување. Ова е неспорно и е признато од страна на Судот во претходни прилики (види Ahmet Yıldırım v. Turkey, no. 3111/10, § 48, ECHR 2012, и Times Newspapers Ltd (nos. 1 and 2) v. the United Kingdom, nos. 3002/03 and 23676/03, § 27, ECHR 2009). Меѓутоа покрај овие бенефиции исто така може да се појават и одредени опасности. Клеветата и другите видови на јасно незаконски говор, вклучително и говор на омраза и говор што поттикнува насилство, можат да се шират како никогаш порано, во целиот свет за само неколку секунди, а понекогаш упорно останува достапно онлајн. Овие две спротивставени реалности се во сржта на овој случај. Со оглед на потребата за заштита на вредностите кои се во основата на Конвенцијата, и со оглед дека правата согласно членовите 10 и 8 од Конвенцијата заслужуваат еднаква почит, мора да се постигне рамнотежа која останува во суштината на обете права. Оттука, иако Судот признава дека можат да се извлечат важни бенефиции од интернет во примената на слободата на изразување, исто така треба да се има на ум дека одговорноста за клевета или други видови на незаконски говор мора во принцип да се задржат и да претставуваат делотворен правен лек за повреда на личните права.
111. Врз основа на ова и особено со оглед дека ова е првиот случај во кој Судот се повикува да разгледа жалба од овој тип на полето на технолошки иновации кое се развива, Судот смета дека е неопходно да го разграничи опсегот на своето испитување во контекст на фактите од актуелниот случај.
112. Најпрво, Судот забележува дека Врховниот суд препознал (види § 14 од својата пресуда од 10 јуни 2009 г. како што е утврдено во параграф 31 горе) дека „објавувањето на вести и коментари на интернет портал е исто така новинарска активност. Истовремено, заради природата на интернет медиумите не може разумно да се бара од операторот на порталот да ги уредува коментарите пред нивното објавување на ист начин како кај печатените медиумски изданија. Додека издавачот [на печатено медиумско издание] преку уредувањето претставува иницијатор на објавувањето на коментар, на интернет порталот иницијатор на објавеното е оној што го напишал коментарот, којшто го прави достапен за општата јавност преку порталот. Затоа операторот на порталот не е лицето на кое му се обелоденуваат информациите. Заради [нивните] економски интереси од објавувањето на коментари, и издавачот на печатен медиум и операторот на интернет порталот се лица кои објавуваат/обелоденуваат како претприемачи“.
113. Судот не гледа причини да ја стави под знак прашање горенаведената дистинкција дадена од Врховниот суд. Напротив, појдовната точка на размислувањата на Врховниот суд, односно, препознавањето на разликите меѓу операторот на портал и традиционалниот издавач е во согласност со меѓународните инструменти на ова поле што манифестира одреден развој во корист на правење разлика меѓу правните принципи што ги регулираат активностите кај традиционалниот печат и аудиовизуелните медиуми од една страна и медиумските оператори кои се наоѓаат на интернет од друга страна. Во неодамнешната Препорака на Комитетот на министри до земјите-членки на Советот на Европа за новиот поим за медиумите тој е формулиран како „пристап од различен вид и на различни нивоа [кој] бара секој чинител чии услуги се идентификувани како медиум или како посредничка или помошна активност да има корист и од соодветната форма (од различен вид) и од соодветното ниво (различни нивоа) на заштита и дека одговорноста исто така е ограничена на придржување на членот 10 од Европската конвенцијата за човекови права и други релевантни стандарди развиени од Советот на Европа (види § 7 од Прилогот на Препораката CM/Rec(2011)7, цитиран во параграф 46 горе). Затоа, Судот смета дека заради посебната природа на интернетот, „обврските и одговорностите“ кои треба да се доделат на информативен интернет портал за потребите на членот 10 можат да се разликуваат до одредено ниво од оние на традиционален издавач, што се однесува до содржината на трета страна.
114. Второ, Судот забележува дека Врховниот суд на Естонија одлучил дека „правната проценка на судовите од дваесетте коментари од навредлива природа [била] потврдена. Судовите правилно утврдиле дека тие коментари [биле] навредливи, бидејќи [биле] од вулгарна природа, го понижувале човечкото достоинство и содржеле закани“ (види § 15 од пресудата како што е дадено во параграф 31 горе). Понатаму, во § 16 во својата пресуда Врховниот суд повторил дека коментарите го понижувале „човечкото достоинство“ и биле „јасно незаконски“. Судот забележува дека ваквата карактеризација и анализа на незаконската природа на коментарите во прашање (види параграф 18 горе) е очигледно заснована на фактот дека мнозинството коментари, гледани на површина, се еднакви на поттикнување на омраза или насилство против Л.
115. Последователно, Судот смета дека случајот се однесува на „обврски и одговорности“ на информативни интернет портали, согласно членот 10 § 2 од Конвенцијата, кога тие заради економски цели нудат платформа за коментари генерирани од корисници за претходно објавена содржина и некои корисници – било да се идентификувани или анонимни – се впуштаат во јасно незаконски говор, кој ги крши личните права на другите и достигнува ниво на говор на омраза и поттикнување на насилство против нив. Судот нагласува дека актуелниот случај е поврзан со голем професионално раководен информативен интернет портали на комерцијална основа кој самиот објавува новински написи и ги кани своите читатели да коментираат за нив.
116. Соодветно на тоа, случајот не се однесува на други форуми на интернет каде можат да бидат изнесени коментари од трето лице, на пример форуми за дискусија на интернет или огласни табли каде корисниците можат слободно да ги изнесат своите идеи за секаква тема без дискусијата да се насочува од раководителот на форумот; или платформа за социјални медиуми каде провајдерот на платформа не нуди никаква содржина и каде провајдерот на содржина може да биде приватно лице кое има веб страница или блог како хоби.
117. Понатаму, Судот забележува дека информативниот портал на компанијата-жалител бил еден од најголемите медиумски публикации на интернет во земјата; имал широка читателска публика и постоела позната јавна загриженост заради контроверзната природа на коментарите кои ги привлекувала (види параграф 15 горе). Исто така како што е прикажано горе, оспорените коментари во овој случај, како што било проценето од Врховниот суд, главно претставувале говор на омраза и говор кој директно се залагал за акти на насилство. Оттука, утврдувањето на нивната незаконска природа не барало никаква јазична или законска анализа, бидејќи забелешките на прв поглед биле очигледно незаконски. Во ваков контекст Судот ќе ја разгледа жалбата на компанијата-жалител.
2. Постоење на попречување
118. Судот забележува дека не постоел спор меѓу страните дека слободата на изразување на компанијата-жалител гарантирана согласно членот 10 од Конвенцијата била попречена со одлуките на домашните судови. Судот не гледа причина да одлучи поинаку.
119. Таквото попречување на правото на компанијата-жалител на слобода на изразување мора да биде „пропишано со закон“, да има една или повеќе легитимни цели во контекст на ставот 2 од членот 10, и да биде „неопходно за едно демократско општество“.
3. Законитост
120. Судот повторува дека изразот „пропишано со закон“ во вториот став од членот 10 не само што бара оспорената мерка да има правна основа во домашното право, туку исто така упатува на квалитетот на правото во прашање, што би требало да биде достапно за засегнатото лице и предвидливо во однос на неговите ефекти (види, меѓу другите извори, VgT Verein gegen Tierfabriken v. Switzerland, no. 24699/94, § 52, ECHR 2001‑VI; Rotaru v. Romania [GC], no. 28341/95, § 52, ECHR 2000-V; Gawęda v. Poland, no. 26229/95, § 39, ECHR 2002-II; и Maestri v. Italy [GC], no. 39748/98, § 30, ECHR 2004-I). Меѓутоа, националните власти, имено судовите, треба пред сè да го толкуваат и применуваат домашното право (види Centro Europa 7 S.r.l. and Di Stefano v. Italy [GC], no. 38433/09, § 140, ECHR 2012; Kruslin v. France, 24 April 1990, § 29, Series A no. 176-A; и Kopp v. Switzerland, 25 March 1998, § 59, Reportsof Judgments and Decisions 1998-II).
121. Еден од условите кои произлегуваат од изразот „пропишано со закон“ е предвидливоста. Оттука, една норма не може да се смета за „закон“ во рамките на значењето на членот 10 § 2 освен ако не е формулирана со доволна прецизност за да му овозможи на граѓанинот да го регулира своето однесување; тој мора да може - ако има потреба со соодветен совет – да ги предвиди, до степен кој е разумен во околностите, последиците кои можат да произлезат од одредено дејствие. Тие последици не мора да бидат предвидливи со апсолутна сигурност. Иако сигурноста е посакувана, сепак може да наметне претерана ригидност, а законот мора да може да држи чекор со околностите кои постојано се менуваат. Соодветно на тоа, многу од законите неизбежно содржат поими кои, во поголема или помала мерка се нејасни и чие толкување и примена се прашања на пракса (види, на пример, Lindon, Otchakovsky-Laurens and July v. France [GC], nos. 21279/02 and 36448/02, § 41, ECHR 2007‑IV, и Centro Europa 7 S.r.l. and Di Stefano, цитиран горе, § 141).
122. Нивото на прецизност што е потребно од домашното законодавство - кое не може да се обезбеди во секоја ситуација – зависи во значителен степен од содржината на законот во прашање, полето кое е назначено да го опфати и нивото и статусот на оние на кои се однесува (види Centro Europa 7 S.r.l. and Di Stefano, цитиран горе, § 142). Судот одлучи дека лицата кои вршат професионална активност, коишто се навикнати да мораат да продолжат со висок степен на внимание кога ја работат својата работа, на сметка на ова може да се очекува од нив посебно внимание да посветат на проценка на ризиците кои таквата активност ги вклучува (види Lindon, Otchakovsky-Laurens and July, цитиран горе, § 41, со понатамошни упатувања на Cantoni v. France, 15 November 1996, § 35, Reports 1996‑V, и Chauvy and Others v. France, no. 64915/01, §§ 43-45, ECHR 2004‑VI).
123. Во актуелниот случај мислењата на страните се разликувале во однос на тоа дали попречувањето на слободата на компанијата-жалител било „пропишано со закон“. Компанијата-жалител тврдеше дека немало домашен закон според кој посреднички требало да се гледа на него како на професионален објавувач на коментари објавени на неговата веб страница од трети лица без разлика дали бил свесен за конкретната содржина. Напротив, компанијата-жалител се потпирала на домашното или европското законодавство во однос на провајдерите на услуга на интернет и тврдеше дека тоа изречно забранувало наметнување на одговорност на провајдерите на услуга за содржина на трето лице.
124. Владата упатуваше на релевантните одредби на граѓанското право и домашната судска пракса во насока дека медиумските издавачи биле одговорни за нивното објавување напоредно со авторите. Тие додадоа дека немало судска пракса врз основа на која компанијата-жалител можела да претпостави дека сопственикот на информативен интернет портал како нова медиумска публикација не бил одговорен за коментарите објавени во однос на неговите написи. Според нивното гледиште Судот треба да постапи врз основа на фактите согласно утврденото и законот како што е применет и протолкуван од страна на домашните судови и да ги земе во предвид упатувањата на компанијата-жалител на правото на ЕУ. Во секој случај правото на ЕУ на кое упатува компанијата-жалител всушност ги поддржува толкувањата и заклучоците на домашните судови.
125. Судот забележува дека разликите во мислењата на страните што се однесува до правото што треба да се примени произлегува од нивните различни гледишта по прашањето како компанијата-жалител треба да се класификува. Според компанијата-жалител треба да се класификува како посредник во однос на коментарите на трето лице, додека Владата тврдеше дека на компанијата-жалител требало да се гледа како на медиумски издавач, вклучително и во однос на таквите коментари.
126. Судот забележува (види параграфи 112 и 113 горе) дека Врховниот суд ги препознава разликите меѓу улогите на издавачот на печатени медиуми, од една страна и операторот на интернет порталот вклучен во медиумски публикации за економски цели од друга страна. Меѓутоа, Врховниот суд одлучи дека заради нивниот „економски интерес во објавувањето на коментари, како издавачите на печатени медиуми така и операторот на интернет порталот [биле] оние што објавуваат/обелоденуваат“ за потребите на членот 1047 од Законот за облигациони односи (види § 14 од пресудата како што е дадено во ставот 31 горе).
127. Судот смета дека во суштина жалителот тврди дека домашните судови грешеле со примената на општите одредби од Законот за облигациони односи за фактите од случајот бидејќи требале да се потпрат на домашното и европското законодавство за провајдерите на услуги на интернет. Како и Судскиот совет, Големиот судски совет повторува во овој контекст дека не е негова задача да го заземе местото на домашните судови. Пред сè националните власти, имено судовите, да го толкуваат и применуваат домашниот закон (види, меѓу другите, Centro Europa 7 S.r.l. and Di Stefano, цитиран горе, § 140, и Rekvényi v. Hungary [GC], no. 25390/94, § 35, ECHR 1999‑III). Судот исто така повторува дека не е негово место да изрази мислење за соодветноста на методите што ги има избрано законодавецот на тужената држава да ја регулира дадената област. Неговата задача е ограничена на утврдување дали методите што се усвоени и ефектите што тие ги вклучуваат се во согласност со Конвенцијата (види Gorzelik and Others v. Poland [GC], no. 44158/98, § 67, ECHR 2004‑I). Оттука, Судот се ограничува себеси на испитување дали примената од страна на Врховниот суд на општите одредби од Законот за облигациони односи во ситуацијата на жалителот била предвидлива за потребите на членот 10 § 2 од Конвенцијата.
128. Согласно релевантните одредби од Уставот, Граѓанскиот законик (Општите принципи) и Законот за облигациони односи (види параграфи 33 до 38 горе), како што е протолкувано и применето од домашните судови, компанијата-жалител била сметана за издавач и за одговорна за објавување на очигледно незаконски коментари. Домашните судови одлучиле да ги применат овие норми, откако утврдиле дека посебниот пропис содржан во Законот за услуги на информатичкото општество во кој била транспонирана Директивата за електронска трговија во естонскиот закон не важел за актуелниот случај со оглед дека тој се однесувал на активности од чисто техничка, автоматска и пасивна природа, за разлика од активностите на компанијата-жалител, и дека целта која ја имала компанијата-жалител не била чисто обезбедување на посредничка услуга (види § 13 од пресудата на Врховниот суд како што е дадено во параграф 13 горе). Во овој конкретен контекст Судот го зема во предвид фактот дека некои земји ја имаат признато важноста и сложеноста на темата во прашање, вклучително и потребата да се обезбеди соодветно балансирање на различни интереси и основни права, бара усвојување на посебни прописи за состојби како што е таа во актуелниот случај (види параграф 58 горе). Таквото дејствие е во согласност со „пристап кој е различен и поделен на нивоа“ во пропишувањето на новите медиуми препорачан од Советот на Европа (види параграф 46 горе) и најде поткрепа во судската пракса на Судот (види, mutatis mutandis, Editorial Board of Pravoye Delo and Shtekel v. Ukraine, no. 33014/05, §§ 63-64, ECHR 2011). Меѓутоа, иако во законодавството се можни различните пристапи за да ја земе во предвид природата на новите медиуми, Судот е задоволен од фактите во овој случај дека одредбите од Уставот, Граѓанскиот законик (Општи принципи) и Законот за облигациони односи, заедно со релевантната судска пракса, го направиле предвидливо тоа дека медиумскиот издавач кој раководи со информативен интернет портал заради економски цели во принцип може да се смета за одговорен согласно домашното право за поставување очигледно незаконски коментари од типот во прашање во дадениов случај на неговиот информативен портал.
129. Судот соодветно на тоа утврдува дека, како професионален издавач, компанијата-жалител требала да биде запознаена со законодавството и судската пракса, и исто така можела да бара правен совет. Судот забележува во овој контекст дека информативниот портал Делфи е еден од најголемите во Естонија. Јавна загриженост веќе била изразена пред објавувањето на коментарите во актуелниот случај и министерот за правда забележал дека жртвите на навреди можеле да го тужат Делфи и да бараат отштета (види параграф 15 горе). Во тој контекст, Судот сметаше дека компанијата-жалител била во позиција да ги оцени ризиците поврзани со нејзините активности и дека морало да може да се предвидат, до разумен степен, последиците што ова можело да ги предизвика. Затоа заклучува дека попречувањето во прашање било „пропишано со закон“ во рамки на значењето на вториот став од членот 10 од Конвенцијата.
4. Легитимна цел
130. Страните пред Големиот судски совет не оспоруваа дека ограничувањето на слободата на изразување на компанијата-жалител било но насока на легитимната цел за заштитат на угледот и правата на други. Судот не гледа причина да одлучи поинаку.
5. Неопходни во едно демократско општество
(а) Општи принципи
131. Основните принципи во врска со прашањето дали попречувањето на слободата на изразување е „неопходно во едно демократско општество“ се добро утврдени во судската пракса на Судот и се сумирани на следниов начин (види, меѓу другите извори, Hertel v. Switzerland, 25 August 1998, § 46, Reports 1998‑VI; Steel and Morris v. the United Kingdom, no. 68416/01, § 87, ECHR 2005‑II; Mouvement raëlien suisse v. Switzerland [GC], no. 16354/06, § 48, ECHR 2012; и Animal Defenders International v. the United Kingdom [GC], no. 48876/08, § 100, ECHR 2013):
„(i) Слободата на изразување претставува еден од суштинските темели на едно демократско општество и еден од основните услови за негов напредок и за самоисполнетост на секоја една личност. Предмет на ставот 2 од членот 10, се применува не само за ‘информации’ или ‘идеи’ кои се примаат со наклонетост или се сметаат за ненавредливи или како нешто кон што луѓето се индиферентни, туку исто така и на оние кои навредуваат, шокираат или вознемируваат. Такви се барањата на плурализмот, толеранцијата или широкоградоста без што нема ‘демократско општество’. Како што е поставено во член 10 оваа слобода подложи на исклучоци, кои ... сепак мора да бидат толкувани строго, а потребата за некакви ограничувања мора да се утврди на убедлив начин.
(ii) Придавката ‘потребно’ во рамките на значењето на членот 10 § 2 значи постоење на ‘итна општествена потреба’. Државите договорнички имаат одредено дискреционо право во оценувањето дали таквата потреба постои, но таа оди рака под рака со европскиот надзор, опфаќајќи ги законодавството и одлуките што го применуваат, дури и оние усвоени од независен суд. Затоа Судот е овластен да ја даде конечната пресуда за тоа дали ‘ограничувањето’ може да се помири со слободата на изразување како што е заштитено со членот 10.
(iii) Задача на судот, во извршувањето на својата надзорна јуриздикција, не е да го заземе местото на надлежните национални органи туку повеќе да ги разгледа согласно членот 10 одлуките што ги усвоиле согласно нивното дискреционо право. Ова не значи дека надзорот е ограничен на утврдување дали тужената држава го остварила своето дискреционо право на разумен и внимателен начин и со добра намера; она што Судот треба да го направи е да се осврне на попречувањето на кое се жалат во контекст на случајот како целина и да утврди дали било ‘сразмерно на легитимната цел кој се сака да се оствари’ и дали причините изнесени од националните власти за негово оправдување се ‘релевантни и доволни’... При тоа Судот мора да се задоволи дека националните власти примениле стандарди кои биле усогласени со принципите отелотворени во членот 10 и уште повеќе, дека се потпирале на прифатлива оценка на релевантни факти ...“
132. Понатаму, Судот ја нагласува суштинската функција што ја исполнува печатот во едно демократско општество. Иако печатот не смее да пречекори одредени граници, особено што се однесува до угледот и правата на другите и потребата да се спречи обелоденувањето на доверливи информации, неговата обврска сепак е да ги пренесе – на начин што е доследен со обврските и одговорностите – информациите и идеите за сите прашања од јавен интерес (види Jersild v. Denmark, 23 September 1994, § 31, Series A no. 298; De Haes and Gijsels v. Belgium, 24 February 1997, § 37, Reports 1997‑I; и Bladet Tromsø and Stensaas v. Norway [GC], no. 21980/93, § 58, ECHR 1999‑III). Новинарската слобода исто така го покрива можното прибегнување на одредено ниво на претерување, или дури и провоцирање (види Prager and Oberschlick v. Austria, 26 April 1995, § 38, Series A no. 313, и Bladet Tromsø and Stensaas, цитиран горе, § 59). Ограничувањата на дозволената критика се потесни во однос на еден приватен граѓанин отколку во однос на политичари или влади (види, на пример, Castells v. Spain, 23 April 1992, § 46, Series A no. 236; Incal v. Turkey, 9 June 1998, § 54, Reports 1998‑IV; и Tammer v. Estonia, no. 41205/98, § 62, ECHR 2001‑I).
133. Исто така, Судот претходно има одлучено дека во контекст на достапноста и неговиот капацитет да чува и пренесува големи количества на информации интернетот игра важна улога во зголемувањето на пристапот за јавноста до вести и во обезбедувањето на генералното ширење на информации (види Ahmet Yıldırım, цитиран горе, § 48, и Times Newspapers Ltd, цитиран горе, § 27). Истовремено, ризикот да му се наштети со содржината и комуникациите на интернет на остварувањето и уживањето на човековите права и слободи, особено правото на почитување на приватниот живот е јасно повисок отколку оној што доаѓа од печатот (види Editorial Board of Pravoye Delo and Shtekel, цитиран горе, § 63).
134. При разгледувањето на „должностите и обврските“ на еден новинар, потенцијалното влијание на засегнатиот медиум претставува важен фактор и вообичаено се признава дека аудиовизуелните медиуми честопати имаат многу подиректен и помоќен ефект од печатените медиуми (види Purcell and Others v. Ireland, no. 15404/89, Commission decision of 16 April 1991, Decisions and Reports 70, p. 262). Методите на објективно и балансирано известување можат значително да варираат, во зависност меѓу другото од медиумите во прашање (види Џерсилд, цитиран горе, § 31).
135. Судот одлучи дека „казната за новинар кој помогнал во ширење на изјави дадени од друго лице во интервју сериозно ќе го попречат придонесот на печатот кон дискусијата по прашања од јавен интерес и не треба да бидат предвидени освен ако нема особено силни причини да се направи тоа“ (види Jersild, цитиран горе, § 35; Thoma v. Luxembourg, no. 38432/97, § 62, ECHR 2001‑III; и, mutatis mutandis, Verlagsgruppe News GmbH v. Austria, no. 76918/01, § 31, 14 December 2006, и Print Zeitungsverlag GmbHv. Austria, no. 26547/07, § 39, 10 October 2013).
136. Исто така, Судот одлучи дека говор кој не е компатибилен со вредностите што се изразени и гарантирани со Конвенцијата не е заштитен со членот 10 по основ на членот 17 од Конвенцијата. Примерите на таков говор испитан од Судот вклучуваат и изјави со кои се негира Холокаустот, се оправдува неонацистичката политика, се поврзуваат сите муслимани со тешки дела на тероризам, или се портретираат евреите како извор на зло во Русија (види Lehideux and Isorni v. France, 23 September 1998, §§ 47 and 53, Reports 1998‑VII; Garaudy v. France (dec.), no. 65831/01, ECHR 2003‑IX; Norwood v. the United Kingdom (dec.), no. 23131/03, ECHR 2004‑XI; Witzsch v. Germany (dec.), no. 7485/03, 13December 2005; и Pavel Ivanov v. Russia (dec.), no. 35222/04, 20 February 2007).
137. Судот понатаму повторува дека правото на заштита на угледот е право коешто е заштитено со членот 8 од Конвенцијата како дел од правото на почитување на приватниот живот (види Chauvy and Others, цитиран горе, § 70; Pfeifer v. Austria, no. 12556/03, § 35, 15 November 2007; и Polanco Torres and Movilla Polanco v. Spain, no. 34147/06, § 40, 21 September 2010). Меѓутоа за да се вклучи членот 8, нападот на угледот на едно лице мора да содржи одредено ниво на сериозност и мора да е сторено на начин кој му наштетува на личното уживање на правото на почит на приватниот живот (види A. v. Norway, no. 28070/06, § 64, 9 April 2009, и Axel Springer AG v. Germany [GC], no. 39954/08, § 83, 7 February 2012).
138. Кога се испитува дали има потреба да се попречи слободата на изразување во едно демократско општество во интерес на „заштитата на угледот или правата на други“ од Судот може да се бара да потврди дали домашните власти постигнале правична рамнотежа при заштитата на две вредности гарантирани со Конвенцијата кои можат да се судрат една со друга во одредени случаи, имено од една страна слободата на изразување заштитена со членот 10, и од друга правото на почитување на приватниот живот опфатено во членот 8 (види Hachette Filipacchi Associés v. France, no. 71111/01, § 43, 14 June 2007; MGN Limited v. the United Kongdom, no. 39401/04, § 142, 18 January 2011; и Axel Springer AG, цитиран горе, § 84).
139. Судот одлучил дека, како предмет на принцип, правата гарантирани согласно членовите 8 и 10 заслужуваат еднаква почит, а исходот од жалбата во принцип не треба да варира според тоа дали била поднесена до Судот во однос на членот 10 од Конвенцијата од страна на некој што објавил навредлив напис или во однос на членот 8 од Конвенцијата од лице кое било предмет на тој напис. Соодветно на тоа маргината на дискреционото право во принцип треба да биде иста во обата случаи (види Axel Springer AG, цитиран горе, § 87, and Von Hannover v. Germany (no. 2) [GC], nos. 40660/08 and 60641/08, § 106, ECHR 2012, со понатамошно упатување на случаите на Hachette Filipacchi Associés, цитиран горе, § 41; Timciuc v. Romania (dec.), no. 28999/03, § 144, 12 October 2010; и Mosley v. the United Kingdom, no. 48009/08, § 111, 10 May 2011). Кога балансирањето меѓу тие две права се врши од националните власти во согласност со критериумите што се воспоставени со судската пракса на Судот, Судот би барал силни причини да го замени своето гледиште со тоа на домашните судови (види Axel Springer AG, цитиран горе, § 88, и Von Hannover (no. 2), цитиран горе, § 107, со понатамошно упатување на MGN Limited, цитиран горе, §§ 150 and 155, и Palomo Sánchez and Others v. Spain [GC], nos. 28955/06, 28957/06, 28959/06 and 28964/06, § 57, 12 September 2011). Со други зборови обично ќе постои широка маргина на дискреционо право дадено од Судот доколку од Државата се бара да постигне рамнотежа меѓу спротивставените приватни интереси или спротивставените права од Конвенцијата (види Evans v. the United Kingdom [GC], no. 6339/05, § 77, ECHR 2007‑I; Chassagnou and Others v. France [GC], nos. 25088/94, 28331/95 and 28443/95, § 113, ECHR 1999‑III; и Ashby Donald and Others v. France, no. 36769/08, § 40, 10 January 2013).
(б) Примена на горенаведените принципи во актуелниот случај
(i) Елементи во проценката на пропорционалноста
140. Судот забележува дека не е спорно дека коментарите што ги оставаат читателите како реакција на новински напис објавени на информативниот интернет портал на компанијата-жалител, како што е претставено во делот за коментирање на порталот, биле од јасно незаконска природа. Навистина, компанијата-жалител ги отстранила коментарите откако била известена од страна на повредената страна и ги опишала како „такви кои ги прекршувале неговите права“ и „незаконски“ пред Судскиот совет (види параграф 84 од пресудата на Судскиот совет). Исто така, Судот смета дека мнозинството спорни коментари достигнале ниво на говор на омраза или поттикнување на насилство и како такви не уживале заштита на членот 10 (види параграф 136 горе). Оттука, слободата на изразување на авторите на коментарите не е предмет на овој случај. Прашањето пред Судот повеќе се однесува на тоа дали одлуките на домашните судови, со кои одлучиле дека компанијата-жалител била одговорна за коментарите објавени од трети лица, значеле повреда на нејзината слобода да пренесе информации како што се гарантира со членот 10 од Конвенцијата.
141. Судот забележува дека иако компанијата-жалител веднаш ги отстранила коментарите во прашање од нејзината веб страница по известувањето од адвокатите на Л. (види параграфи 18 и 19 горе), Врховниот суд одлучил дека компанијата-жалител била одговорна врз основа на Законот за облигациони односи, бидејќи требала да го спречи објавувањето на коментари со јасно незаконски содржини. Во членот 1047(3) од Законот за облигациони односи на кој било упатено тогаш, а според кој обелоденувањето на информации или други работи не се смета за незаконско доколку лицето кое обелоденува информации или други работи или лицето кому му се обелоденети тие работи има легитимен интерес од обелоденувањето, и ако лицето кое ги обелоденува информациите ги потврдило информациите или други прашања со темелност која кореспондира на „сериозноста на потенцијалната повреда“. Оттука Врховниот суд одлучил дека после обелоденувањето компанијата-жалител не успеала да ги отстрани коментарите - незаконската содржина за која требала да биде свесна - од порталот по сопствена иницијатива. Тоа што компанијата-жалител не дејствувала се сметало за незаконско, бидејќи не „докажала отсуство на вина“ согласно членот 1050 (1) од Законот за облигациони односи (види § 16 од пресудата на Врховниот суд како што е дадено во параграф 31 горе).
142. Во контекст на образложението на Врховниот суд, Судот мора, согласно својата доследна судска пракса, да разгледа дали наодот на домашните судови за одговорност на компанијата-жалител се засновал на релевантен и доволен основ во дадените околности на случајот (види параграф 131 горе). Судот забележува дека за да се разреши прашањето дали одлуките на домашните судови за одговорност на компанијата-жалител во однос на коментарите поставени од трети страни претставувале повреда на нејзината слобода на изразување, Судскиот совет ги идентификувал следниве аспекти како релевантни за својата анализа: контекстот на коментарите, мерките што биле применети од страна на компанијата-жалител за да се спречат или отстранат навредливи коментари, одговорноста на вистинските автори за коментарите како алтернатива на одговорноста на компанијата-жалител, и последиците од домашните постапки за компанијата-жалител (види параграфи 85 et seq. од пресудата на Судскиот совет).
143. Судот се согласува дека овие аспекти се релевантни за конкретната проценка на пропорционалноста на попречувањето во прашање во рамките на опсегот на испитувањето од страна на Судот на актуелниот случај (види параграфи 112 до 117 горе).
(ii) Контекстот на коментарите
144. Што се однесува до контекстот на коментарите, Судот прифаќа дека новинскиот напис за компанијата за превоз со траект, објавен на новинскиот портал на Делфи бил балансиран, не содржел навредлив јазик и не поддржувал никакви тврдења за незаконски изјави во домашните постапки. Судот е свесен дека дури и таков балансиран напис за нешто што се чини дека е неутрална тема може да предизвика жестоки дискусии на интернет. Исто така, ова давало посебна тежина, во овој контекст, на природата на новинскиот портал Делфи. Тој повторува дека Делфи бил професионално управуван информативен интернет портал кој функционирал на комерцијална основа, и се обидувал да привлече голем број на коментари за написите што ги објавувал. Судот забележува дека Врховниот суд експлицитно упатил на фактот дека компанијата-жалител го интегрирала делот за коментари во новинскиот портал, канејќи посетители на веб страницата да ги надополнат вестите со сопствени судови и мислења (коментари). Според наодот на Врховниот суд, во делот за коментари, компанијата-жалител активно повикувала да се оставаат коментари за написите што се појавувале на порталот. Бројот на посети на порталот на компанијата-жалител зависел од бројот на коментари; од друга страна пак приходите заработени од реклами објавени на порталот, зависеле од бројот на посети. Оттука Врховниот суд заклучил дека компанијата-жалител имала економски интерес да се оставаат коментари. Според гледиштето на Врховниот суд, фактот дека компанијата-жалител не била авторот на коментарите не значело дека немала контрола врз делот со коментарите (види § 13 од пресудата како што е дадено во параграф 31 горе).
145. Судот исто така забележува во однос на ова дека во „Правилата за коментари“ на веб страницата на Делфи се велело дека компанијата-жалител забранувала оставање на коментари кои немале поента и/или немале врска со темата, биле спротивни на добрата пракса, содржеле закани, навреди, погрдни изрази или вулгарности и предизвикувале непријателство, насилство или незаконски активности. Таквите коментари можеле да бидат отстранети, а можноста на нивните автори да оставаат коментари да биде ограничена. Понатаму, вистинските автори на коментарите не можеле да ги изменат или избришат коментарите откако ќе биле објавени на информативниот портал на компанијата-жалител - само компанијата-жалител имала таква техничка можност. Во контекст на горенаведеното образложение на Врховниот суд, Судот се согласува со наодот на Судскиот совет дека за компанијата-жалител морало да се смета дека имала значително ниво на контрола врз коментарите објавени на нејзиниот портал.
146. Како резиме, Судот смета дека било доволно утврдено од страна на Врховниот суд дека инволвираноста на компанијата-жалител во објавувањето на коментарите за нејзините новински написи на информативниот портал Делфи била повеќе од таа на пасивен провајдер на чисто техничка услуга. Затоа Судот утврди дека Врховниот суд го засновал своето образложение по ова прашање на основи кои биле релевантни за целите на членот 10 од Конвенцијата
(iii) Одговорноста на авторите на коментарите
147. Во врска со прашањето дали одговорноста на вистинските автори на коментарите може да послужи како разумна алтернатива за одговорноста на информативниот интернет портал во случај како овој, Судот е свесен за интересот на корисниците на интернет да не им се обелодени идентитетот. Анонимноста од дамна е средство за избегнување на одмазди или несакано внимание. Како таква таа е способна да промовира значително слободен проток на идеи и информации, вклучително секако и на интернет. Истовремено, Судот не ја губи од вид леснотијата, опсегот и брзината на ширењето на информации на интернет, и опстојувањето на информациите откако ќе бидат обелоденети, што може значително да ги влоши последиците од незаконскиот говор на интернет споредено со традиционалните медиуми. Тој исто така упатува на поврзаноста со неодамнешната пресуда на Судот на правдата на Европската унија во случајот на Гугл Шпанија и Гугл во која судот, иако во различен контекст се занимавал со проблемот на достапноста на информации на интернет кои сериозно го попречувале приватниот живот на едно лице подолго време, и утврдил дека основните права на едно лице, по правило, ги надминувале економските интереси на операторот на пребарувачот и интересите на другите корисници на интернет (види параграф 56 горе).
148. Судот забележува дека различни степени на анонимност се можни на интернет. Корисникот на интернет може да биде анонимен за пошироката јавност, а да може да биде идентификуван од провајдерот на услуга преку сметка или податоци за контакт кои може да не се потврдени или да се предмет на некаква верификација – која се движи од ограничена верификација (на пример, преку активирање на сметка преку адресата на електронската пошта или преку сметка на социјална мрежа) до сигурна потврда, било преку користење на националните електронски лични карти или онлајн банкарските податоци за автентикација кои обезбедуваат доста посигурна идентификација на корисникот. Провајдерот на услуга исто така може да дозволи широк степен на анонимност за своите корисници, во кој случај од корисниците воопшто не се бара самите да се идентификуваат и до нив може да се дојде – во ограничена мерка – само преку информации добиени од провајдери на пристап до интернет. Давањето на такви информации вообичаено ќе бара налог од истражен или судски орган и ќе подложи на ограничувачки услови. Ова сепак може да се бара во одредени случаи со цел да се идентификуваат и гонат сторителите на кривични дела.
149. Оттука, во случајот на К.У. против Финска, во врска со делото „лажно претставување со задни намери“ од сексуална природа против малолетник, Судот утврдил дека „иако слободата на изразување и доверливост на комуникациите се од примарна важност, а корисниците на телекомуникациски и интернет услуги мораат да има гаранција дека нивната сопствена приватност и слобода на изразување ќе бидат почитувани, таквата гаранција не може да биде апсолутна и мора од време на време да подложи на други легитимни императиви, како што се спречување на неред или криминал или заштита на правата и слободите на другите“ (види K.U. v. Finland, no. 2872/02, § 49, ECHR 2008). Судот во тој случај го одбил аргументот на Владата дека жалителот имал можност да добие отштета од провајдерот на услуга, утврдувајќи дека ова не било доволно во околностите на случајот. Тој одлучил дека морало да постои правен лек кој ќе овозможел вистинскиот сторител да биде идентификуван и изнесен пред лицето на правдата, додека во релевантното време регулаторната рамка на тужената држава не предвидела можност да му се нареди на провајдерот на услуга да ги открие информациите кои биле потребни за таа цел (исто., §§ 47 и 49). Иако случајот на К.У. против Финска се однесувал на повреда што е класификувана како кривично дело согласно домашното право и вклучувал подалекусежен упад во приватниот живот на жртвата отколку во овој случај, очигледно е од образложението на Судот дека анонимноста на интернет, иако е важна вредност, мора да се балансира наспроти другите права и интереси.
150. Што се однесува до утврдувањето на идентитетот на авторите на коментарите во граѓанските постапки, Судот забележува дека ставовите на страните се разликувале во однос на тоа дали можеле да се остварат. Врз основа на информациите обезбедени од страните, Судот забележува дека естонските судови, во процедура за „собирањето на докази во претпретресна постапка“ согласно членот 244 од Законот за граѓанска постапка (види параграф 40 горе), ги одобрил барањата на лицата што биле предмет на клевета заради обелоденување од страна онлајн весници или новински портали на ИП адреси на автори кои објавиле наводно навредливи коментари и за обелоденување од страна на провајдерите на пристап на интернет на имиња и адреси на претплатници на кои им биле доделени ИП адресите во прашање. Примерите што се дадени од страна на Владата покажуваат мешани резултати: во некои случаи се покажало можно да се утврди компјутерот од кој биле напишани коментарите додека во други од различни технички причини, ова се покажало како невозможно.
151. Според пресудата на Врховниот суд во овој случај, оштетеното лице имало избор да поднесе жалба против компанијата-жалител или авторите на коментарите. Судот смета дека несигурната ефективност на мерките кои дозволиле утврдување на идентитетот на авторите на коментарите, надополнета од недостатокот на инструменти воспоставени од компанијата-жалител за истата цел за да ѝ се овозможи на жртвата на говор на омраза ефективно да поднесе жалба против авторите на коментарите, се фактори кои го поддржуваат наодот дека Врховниот суд ја засновал својата пресуда на релевантни и доволни основи. Судот исто така во овој контекст упатува на пресудата во случајот Кроне Верлаг (бр. 4) во која одлучил дека префрлањето на ризикот на лицето што било предмет на клевета и добило отштета во постапки за клевета на медиумската компанија, која е вообичаено во подобра финансиска позиција од оној што клеветел, не претставувало толку несразмерно попречување на правото на медиумската компанија на слобода на изразување (види Krone Verlags GmbH & Co. KG v. Austria (no. 4), no. 72331/01, § 32, 9 November 2006).
(iv) Мерки преземени од компанијата-жалител
152. Судот забележува дека компанијата-жалител го нагласил бројот на коментари за секој напис на својата веб страница, и затоа местата на најжива размена морале да бидат лесни за идентификација за уредниците на информативните портали. Написот во прашање во овој случај привлекол 185 коментари, очигледно доста над просекот. Коментарите во прашање биле отстранети од страна на компанијата-жалител околу шест недели после нивното ставање на веб страницата, по известувањето од страна на адвокатите на оштетеното лице до компанијата-жалител (види параграфи 17 до 19 горе).
153. Судот забележува дека Врховниот суд во својата пресуда изјавил дека „на сметка на обврската што произлегува од закон за да се избегне предизвикување на штета [компанијата-жалител] требала да го спречи објавувањето на коментарите со јасно незаконска содржина“. Меѓутоа, исто така одлучи дека „по обелоденувањето [компанијата-жалител] не успеала да ги отстрани коментарите – незаконската содржина за која требала да биде свесна – од порталот по сопствена иницијатива“ (види § 16 од пресудата како што е дадено во ставот 31 горе). Затоа, Врховниот суд експлицитни не утврдил дали компанијата-жалител имала обврска да го спречи поставувањето на коментари на веб страницата или дали ќе било доволно согласно домашното право компанијата-жалител да ги отстранела навредливите коментари без одлагање после објавувањето за да избегне одговорност согласно Законот за облигациони односи. Судот смета дека кога се оценуваат основите врз кои Врховниот суд се потпирал во својата пресуда која повлекува попречување на правата на жалителот во однос на Конвенцијата, нема ништо што сугерира дека националниот суд имал намера да ги ограничи правата на жалителот во поголема мерка од потребаната за постигнување на саканата цел. Врз основа на ова и со оглед на слободата за пренесување на информации како што е утврдено во Членот 10, Судот оттука ќе продолжи со претпоставката дека пресудата на Врховниот суд мора да се сфати дека значи дека последователното отстранување на коментарите од компанијата-жалител, без одлагање после објавувањето, ќе било доволно за да ја избегне одговорноста согласно домашното право. Последователно, и земајќи ги во предвид горенаведените наоди (види параграф 45) во насока дека компанијата-жалител мора да се смета дека спровела значителен степен на контрола врз коментарите објавени на нејзиниот портал, Судот не смета дека наметнувањето на обврската за компанијата-жалител да ги отстрани од својата веб страница без одлагање после објавувањето коментарите кои достигнале ниво на говор на омраза и поттикнување на насилство и со тоа биле јасно незаконски на прв поглед достигнало во принцип ниво на несразмерно попречување на нејзината слобода за изразување.
154. Важното прашање во овој случај е дали наодите на националниот суд дека одговорноста била оправдана, со оглед дека компанијата-жалител не ги отстранила коментарите без одлагање после објавувањето се засновало на релевантни и доволни основи. Со оглед на ова, мора да се земе во предвид, најпрво, дали компанијата-жалител применила механизми кои можеле да ги филтрираат коментарите кои достигнале ниво на говор на омраза или говор кој поттикнувал насилство.
155. Судот забележува дека компанијата-жалител презела одредени мерки во оваа насока. На информативниот портал Делфи постоела забелешка за отфрлање на одговорност во која се велело дека авторите на коментарите – а не компанијата-жалител – биле одговорни за нив, и дека поставувањето на коментари кои биле спротивни на добрата пракса или содржеле закани, навреди, непристојни изрази или вулгарности, насилство или незаконски активности биле забранети. Исто така, порталот имал автоматски систем за бришење на коментари засновани на нишки на одредени вулгарни зборови и имал систем за известување и отстранување, каде секој можел да го извести за несоодветен коментар едноставно со притискање на копче наменето за таква цел, за да се привлече вниманието на администраторите на порталот. Дополнително, во некои прилики администраторите отстранувале несоодветни коментари на нивна сопствена иницијатива.
156. Оттука, Судот забележува дека не може да се каже дека компанијата-жалител во целост ја занемарила својата обврска да избегне предизвикување на штета на трети страни. Сепак, и што е поважно, автоматскиот филтер заснован на збор што го користела компанијата-жалител не успеал да го исфилтрира ужасниот говор на омраза и говор што предизвикувал насилство поставен од читателите и на тој начин ја ограничил својата способност експедитивно да ги отстрани навредливите коментари. Судот повторува дека повеќето зборовите и изразите во прашање не вклучувале софистицирани метафори или не содржеле скриени значења или суптилни закани. Тие биле евидентни изрази на омраза и јасни закани по физичкиот интегритет на Л. Оттука, дури и ако автоматскиот филтер заснован на збор можел да биде корисен во некои случаи, фактите од актуелниот случај покажуваат дека не бил доволен да се детектираат коментари чија содржина не претставувала заштитен говор согласно членот 10 од Конвенцијата (види параграф 136 горе). Судот забележува дека како последица на овој неуспех на механизмот за филтрирање, таквите јасно незаконски коментари останувале онлајн шест недели (види параграф 18 горе).
157. Судот забележува во врска со ова дека во некои прилики администраторите на порталот отстраниле несоодветни коментари по сопствена иницијатива и дека, наводно некое време после настаните во овој случај, компанијата-жалител формирала посветен тим на модератори. Со оглед на фактот дека постојат бројни можности за гласот на секој да може да се чуе на интернет, Судот смета дека голема обврска за еден информативен портал е да преземат ефективни мерки за да се ограничи ширењето на говор на омраза и говор што поттикнува насилство – проблемот во овој случај – на никаков начин не може да се изедначи со „приватна цензура“. Иако признавањето на „важната улога“ што ја играл интернетот „во унапредувањето на јавниот пристап до вести и олеснувањето на ширењето на информациите генерално“ (види Ahmet Yıldırım, цитиран горе, § 48, и Times Newspapers Ltd, цитиран горе, § 27), Судот повторува дека исто така е свесен за ризикот од штета што произлегува од коментарите и комуникацијата на интернет (види Editorial Board of Pravoye Delo and Shtekel, цитиран горе , § 63; исто така види Mosley, цитиран горе, § 130).
158. Исто така во зависност од околностите, може да нема поединечна жртва која може да се идентификува, на пример во некои случаи говорот на омраза е насочен кон група на лица или говор кој директно поттикнува насилство од типот манифестиран во неколку од коментарите во актуелниот случај. Во случаите кога постои една поединечна жртва, тој или таа може да биде спречен/а да го извести провајдерот на услугата за наводна повреда на неговите или нејзините права. Судот придава тежина на размислувањето дека способноста на потенцијалната жртва на говор на омраза континуирано да следи на интернетот е поограничена од способноста на голем комерцијален информативен интернет портал да спречи или брзо да отстрани такви коментари.
159. Конечно, Судот забележува дека компанијата-жалител тврдеше (види параграф 78 горе) дека Судот требал да посвети соодветно внимание на системот за известување и отстранување што го вовел. Доколку бил проследен од ефективни процедури кои дозволувале брз одговор, овој систем според гледиштето на Судот можел да функционира во многу случаи како соодветна алатка за балансирање на правата и интересите на сите засегнати страни. Меѓутоа, во случаи како што е овој, кога коментарите на трета страна корисник се во форма на говор на омраза и директни закани по физичкиот интегритет на лицата, како што е сфатено во судската пракса на Судот (види параграф 136 горе), Судот смета, како што е изнесено горе (види параграф 153), дека правата и интересите на другите и на општеството како целина може да им даде право на земјите договорнички да им наметнат одговорност на информативните интернет портали без да се прекрши членот 10 од Конвенцијата, доколку не успеат да преземат мерки за отстранување на јасно незаконски коментари без одлагање, дури и без известување од наводна жртва или од трети страни.
(v) Последици по компанијата-жалител
160. Конечно, ако се осврнеме на прашањето за последиците кои произлегле од домашните постапки против компанијата-жалител, Судот забележува дека компанијата била обврзана да му плати на оштетеното лице износ во вредност од 320 евра за нематеријална штета. Тој се согласува со наодот на Судскиот совет дека овој износ, исто така земајќи го во предвид фактот дека компанијата-жалител била професионален оператор на еден од најголемите информативни интернет портали, на никаков начин не може да се смета за несразмерно на повредата што е утврдена од домашните судови (види параграф 93 од пресудата на Судскиот совет). Судот забележува дека во врска со ова тој исто така ја зел во предвид домашната судска пракса после Делфи за одговорноста на операторите на информативните интернет портали (види параграф 43 горе). Тој забележува дека во овие случаи пониските судови ја следеле пресудата на Врховниот суд во случајот Делфи, но не биле доделени отштети за нематеријална штета. Со други зборови, опипливиот резултат за операторите во случаите после Делфи бил тоа дека ги отстраниле навредливите коментари, но не им било наложено да платат надоместок за нематеријална штета.
161. Судот исто така забележува дека не се чини дека компанијата-жалител морала да го смени својот бизнис модел како резултат на домашните постапки. Според достапните информации, информативниот портал Делфи продолжил да биде една од најголемите интернет публикации во Естонија и секако најпопуларен за објавување на коментари, чиј број продолжил да расте. Анонимните коментари - кои сега постојат напоредно со можноста за поставување на регистрирани коментари кои и најпрво им се прикажуваат на читателите - сè уште се доминантни и компанијата-жалител има формирано тим на модератори кои вршат последователна контрола на поставените коментари на порталот (види параграфи 32 и 83 горе). Во овие околности, Судот не може да заклучи дека попречувањето на слободата на изразување на компанијата-жалител било несразмерно ниту по тој основ.
(vi) Заклучок
162. Врз основа на конкретната проценка на горенаведените аспекти, земајќи го во предвид образложението на Врховниот суд во овој случај, особено екстремната природа на коментарите во прашање, фактот дека коментарите биле поставени како реакција на напис кој бил објавен од компанијата-жалител на нејзиниот професионално воден портал поставен на комерцијална основа, тоа што биле недоволни мерките кои биле преземени од компанијата-жалител за отстранување на коментарите без одлагање по нивното објавување, што од своја страна достигнувало ниво на говор на омраза и говор што поттикнувал насилство, и за обезбедување на реална можност авторите на таквите коментари да се соочат со одговорноста, како и умерената казна што ѝ била изречена на компанијата-жалител, Судот утврди дека тоа што домашните судови ја сметале компанијата-жалител за одговорна се засновало на релевантни и доволни основи, со оглед на дискреционото право што го имала тужената држава. Затоа, мерката не претставувала несразмерно ограничување на правото на слобода на изразување на компанијата-жалител.
Соодветно на тоа нема повреда на членот 10 од Конвенцијата.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
Одлучи со петнаесет гласа наспроти два дека немало повреда на членот 10 од Конвенцијата.
Изготвена на англиски и француски јазик, и донесена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 16 јуни 2015 г.
Јохан КалеваертДин Шпилман
Заменик секретарПретседател
Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, кон оваа пресуда се приложени следниве издвоени мислења:
(а) заедничко мислење на согласување на судиите Раимонди, Каракас, Де Гаетано и Кјолбро;
(б) мислење на согласување на судијата Зупанчич;
(в) заедничко мислење на несогласување на судиите Шају и Цоцориа.
Д.С.
Ј.К.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights ( ) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@.
[1]. Ова е алузија на естонска поговорка „секој овен има свој Михаелмас“, што историски упатува на колење на кастрирани овни на есен пред денот на Михаелмас (29 септември), но денеска се користи со значење дека никој не може да ѝ избега на судбината.
[2]. Естонските зборови avaldama/avaldaja значат и објавува/некој што објавува и обелоденува/некој што обелоденува.
Full & Egal Universal Law Academy