© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА Д.Х. И ДРУГИ против РЕПУБЛИКА ЧЕШКА
(Жалба бр. 57325/00)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
13 ноември 2007 год.
Во случајот на Д.Х. и други против Република Чешка,
Европскиот суд за човекови права (Втората секција), кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Николас Браца (Nicolas Bratza), претседател
Боштјан М. Зупанчич (Boštjan M. Zupančič),
Риза Турмен (Rıza Türmen),
Карел Јунгвиерт (Karel Jungwiert),
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Маргарита Цаца-Николовска (Margarita Tsatsa-Nikolovska),
Кристаќ Траја (Kristaq Traja),
Владимиро Загребелски (Vladimiro Zagrebelsky),
Елизабет Штајнер (Elisabeth Steiner),
Хавиер Борего Борего (Javier Borrego Borrego),
Алвина Ѓулумјан (Alvina Gyulumyan),
Канлар Хаџијев (Khanlar Hajiyev),
Дин Шпилман (Dean Spielmann),
Свере Ерик Јебенс (Sverre Erik Jebens),
Јан Шикута (Ján Šikuta)
Инета Зиемеле (Ineta Ziemele),
Марк Филигер (Mark Villiger), судии,
и Мајк О’Бојл, заменик секретар,
Откако го разгледа случајот на затворени седници на 17 јануари и 19 септември 2007 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалбата (бр. 57325/00) против Република Чешка поднесена до Судот на 18 април 2000 г. согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на осумнаесет чешки државјани („жалителите“), чии детали се дадени до Прилогот кон оваа пресуда.
2. Жалителите беа претставувани пред Судот од страна на Европскиот центар за правата на Ромите од Будимпешта, лордот Лестер од Херн Хил, адвокат, г-динот Џ. Голдстон од Адвокатската комора на Њујорк и г-динот Д. Струпек, адвокат со пракса во Република Чешка. Чешката Влада („Владата“) беше претставувана од нејзиниот агент, г-динот В. А. Шорм.
3. Жалителите тврдеа, меѓу другото, дека биле дискриминирани во однос на остварувањето на нивното право на образование заради нивната раса или етничко потекло.
4. Жалбата беше доделена на Втората секција на Судот (правилото 52 § 1 од Деловникот за работа на Судот). Во рамките на Секцијата, Судскиот совет што требаше да го разгледа случајот (член 27 § 1 од Конвенцијата) беше формиран согласно правилото 26 § 1.
5. Со одлука од 1 март 2005 г. после расправата за допуштеноста и основаноста (правило 54 § 3), Судскиот совет ја прогласи жалбата за делумно допуштена.
6. На 7 февруари 2006 г. Судскиот совет од таа Секција составен од Жан-Пол Коста, претседател, Андраш Бака, Ирену Кабрал Барету, Карел Јунгвиерт. Володимир Буткевич, Антонела Муларони и Дануте Јочиене, судии и Сали Дол, секретар на Секцијата усвои пресуда во која тој одлучи со шест гласа наспроти еден дека немало повреда на членот 14 од Конвенцијата земен во врска со членот 2 од Протоколот бр. 1.
7. На 5 мај 2006 г. жалителите побараа нивниот случај да се упати до Големиот согласно членот 43 од Конвенцијата. На 3 јули 2006 г. панелот на Големиот судски совет го одобри нивното барање.
8. Составот на Големиот судски совет беше утврден според одредбите од член 27 §§ 2 и 3 од Конвенцијата и правилото 24. На последното разгледување, Кристаќ Траја и Хосеп Касадевал, заменски судии, ги замениле Христос Розакис и Пиер Лоренцен, кои не можеле да земат учество во понатамошното разгледување на случајот (правило 24 § 3).
9. И жалителите и Владата ги поднесоа сопствените забелешки во однос на основаноста. Дополнително коментари на трета страна беа добиени од различни невладини организации, имено Меѓународното здружение чекор по чекор (International Step by Step Association), Фондот за образование на Ромите (Roma Education Fund) и Европското здружение за истражување во областа на образованието во раното детство (European Early Childhood Education Research Association); Чуварот на меѓу-правата и човековите права (Interights and Human Rights Watch); Меѓународната група за малцински права (Minority Rights Group International), Европската мрежа против расизам (European Network Against Racism) и Европската информативна канцеларија за Ромите (European Roma Information Office); и Меѓународната федерација за човекови права (International Federation for Human Rights / Fédération internationale des ligues des droits de l’Homme – FIDH), а на сите нив им беше одобрено од страна на претседателот да ги достават своите забелешки на писмено (членот 36 § 2 од Конвенцијата и правилото 44 § 2). Владата одговори на тие коментари (правило 44 § 5).
10. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 17 јануари 2007 година (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(a) за Владата
Г-динВ.А. Шорм (V.A. Schorm), агент,
Г-ѓаМ. Копсова (M. Kopsová),
Г-ѓаЗ. Капрова (Z. Kaprová),
Г-ѓаЈ. Заплеталова (J. Zapletalová),
Г-динР. Баринка (R. Barinka),
Г-динП. Конупка (P. Konůpka),адвокат;
(b) за жалителите
Лорд Лестер од Херн Хил, адвокат (Lord Lester of Herne Hill, QC),
Г-динЏ. Голдстон (J. Goldston),
Г-динД. Струпек (D. Strupek), адвокат.
Судот ги сослуша обраќањата на лордот Лестер од Херн Хил, г-динот Голдстон и г-динот Струпек, и на г-динот Шорм.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
11. Деталите околу имињата на жалителите и местата на живеење се дадени во Прилогот.
А. Историска факти
12. Според документите што се достапни на веб страницата на Одделот за Роми и Чергари при Советот на Европа, Ромите потекнуваат од регионите што се наоѓаат меѓу Северозападна Индија и Иранското плато. Првите пишани траги за нивното пристигнување во Европа се од четиринаесеттиот век. Денеска име меѓу осум и десет милиони Роми кои живеат во Европа. Можат да се најдат во речиси сите земји-членки на Советот на Европа и навистина во некои централни и источни европски земји, тие претставуваат над 5% од населението. Мнозинството од нив зборуваат ромски, индоевропски јазик кој го разбираат многу голем број на Роми во Европа и покрај неговите бројни варијанти. Најчесто, Ромите го зборуваат и доминантниот јазик во регионот каде што живеат, па дури зборуваат и по неколку јазици.
13. Иако во Европа се од четиринаесеттиот век, честопати не се признати од мнозинството во општеството како полноправен европски народ и имаат страдано во текот на својата историја од отфрлање и прогон. Ова кулминирало со обидот на Нацистите за нивно целосно уништување, кои ги сметале за инфериорна раса. Како резултат на векови долгото отфрлање, многу ромски заедници денеска живеат во многу тешки услови, честопати на работ на општеството во земјите каде се имаат населено и нивното учество во јавниот живот е крајно ограничено.
14. Во Република Чешка Ромите имаат статус на национално малцинство и соодветно на тоа уживаат посебни права поврзани со тоа. Комисијата за национални малцинства на Владата на Република Чешка, владино консултативно тело без извршна моќ, е одговорно да ги брани интересите на националните малцинства, вклучително и Ромите.
Што се однесува до бројот на Роми што во моментов живеат во Република Чешка, постои несогласување меѓу службените статистички податоци засновани на попис и проценетите бројки. Според вториве кои се достапни на веб страницата на Комисијата за малцинства на Владата на Република Чешка, ромската заедница во моментов брои меѓу 150.000 и 300.000 луѓе.
Б. Специјални училишта
15. Според информациите обезбедени од чешката Влада, специјалните училишта (zvláštní školy) биле формирани после Првата светска војна за децата со посебни потреби, вклучувајќи ги оние кои страдале од ментален или општествен хендикеп. Бројот на деца сместени во овие училишта продолжил да расте (од 23.000 ученици во 1960 г. на 59.301 во 1988 г.). Заради условите за запишување во основните училишта (základní školy) и како резултатот на процесот на селекција, пред 1989 г. повеќето ромски деца оделе во специјалните училишта.
16. Според условите од Законот за училишта (Законот бр. 29/1984) законската регулатива што важи во овој случај, специјалните училишта биле категорија на специјализирани училишта (speciální školy) и биле наменети за децата со ментални проблеми кои не можеле да посетуваат „регуларни“ или специјализирани основни училишта. Според Законот одлуката да се смести дете во специјално училиште ја носел директорот на училиштето врз основа на резултатите од тестови за мерење на интелектуалниот капацитет на детето што се правел во образовно-педагошкиот центар и со согласност на законскиот старател на детето.
17. По преминот на пазарно стопанство во деведесеттите години од минатиот век низа промени се случиле во системот на специјалните училишта во Република Чешка. Овие промени влијаеле и на образованието на ромските ученици. Во 1995 г. Министерството за образование издало указ за обезбедување на дополнителна настава за учениците кои го завршиле своето задолжително образование во специјално училиште. Од училишната година 1996/97 подготвителни паралелки за децата со незавидно социјално потекло биле отворени во градинките, основните и специјалните училишта. Во 1998 г. Министерството за образование одобрило алтернативен образовен наставен план за децата со ромско потекло кои биле сместени во специјални училишта. Исто така биле назначени наставници-асистенти Роми во основните и специјалните училишта за да им помогнат на наставниците и да ја олеснат комуникацијата со семејствата. Согласно амандманот бр. 19/2000 на Законот за училиштата кој стапил на сила на 18 февруари 2000 г. ученици кои го завршиле своето задолжително образование во специјални училиште исто така имале право да бидат примени во средно училиште, под услов да ги исполнат условите за запишување за насоката што ја избрале.
18. Според податоците обезбедени од жалителите, кои биле добиени преку прашалници испратени во 1999 г. до директорите на 8 специјални училишта и 69 основни училишта во градот Острава, вкупниот број на ученици сместени во специјалните училишта во Острава бил 1.360 од кои 762 (56%) биле Роми. Спротивно на тоа Ромите претставувале само 2,26% од вкупниот број од 33.372 основци во Острава. Исто така иако само 1,8% од учениците што не биле Роми биле сместени во специјални училишта, во Острава уделот на ромските ученици кои биле упатени во такви училишта бил 50,3%. Што значи дека за 27 пати била поголема веројатноста едно ромско дете да биде сместено во специјално училиште отколку неромско дете.
Според податоците од Европскиот центар за следење на расизмот и ксенофобијата (сега Агенцијата на Европската унија за основни права), повеќе од половина од ромските деца во Република Чешка оделе во специјални училишта.
Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства забележал во својот извештај од 26 октомври 2005 г. дека според неофицијалните проценки, Ромите претставувале до 70% од учениците запишани во специјалните училишта.
Конечно според споредбата на податоци за петнаесет земји, кои вклучуваат земји од Европа, Азија и Северна Америка, собрани од Организацијата за европска соработка и развој во 1999 г. и цитирана во забелешките на Меѓународното здружение чекор по чекор, Фондот за образование на Ромите и Европското здружение за истражување во областа на образованието во раното детство[1], Република Чешка се нашла на високото второ место во однос на сместувањето на деца со пречки во психолошкиот развој во специјални училишта и на трето место на табелата на земји кои сместуваат деца со тешкотии со учењето во такви училишта. Понатаму од осум земји кои обезбедиле податоци за школувањето на децата чии проблеми произлегувале од општествени фактори, Република Чешка била единствената која користела специјални училишта; другите засегнати земји речиси исклучиво користеле регуларни училишта за образование на таквите деца.
В. Факти за актуелниов случај
19. Меѓу 1996 г. и 1999 г. жалителите биле сместени во специјални училишта во Острава, или директно или после краток престој во регуларно основно училиште.
20. Материјалот пред Судот покажува дека родителите на жалителите се согласиле, а во некои случаи изречно барале нивните деца да бидат сместени во специјално училиште. Согласноста била давана со потпишување на претходно изготвен формулар. Во случајот на жалителите бр. 12 и 16 датумите на формуларите се од подоцнежна дата од датумите на одлуките за сместување на децата во специјални училишта. Во обата примери датумот бил корегиран со рака, а кај едниот има забелешка од наставник кој упатува на печатна грешка.
Одлуките за сместување биле донесени од директорите на засегнатите специјални училишта по упатувањето на препораки на образовно-педагошките центри каде жалителите биле подложени на психолошки тестови. Евиденцијата на училиштето на жалителите содржела извештај од нивните проверки, вклучувајќи и резултати од тестовите со коментари на испитувачите, цртежи на децата и во низа случаи прашалници за родителите.
Писмената одлука во врска со сместувањето била испратена до родителите на децата. Таа содржела поука за правото на жалба, право кое никој не го искористил
21. На 29 јуни 1999 г. жалителите добиле писмо од училишните власти со кое ги информирале за можностите за префрлање од специјалното училиште во основно училиште. Се чинело дека четири од жалителите (бр. 5, 6, 11 и 15 во Прилогот) биле успешни на тестовите за способност и затоа посетувале регуларни училишта.
22. Во прегледот и жалбените постапки посочени долу, жалителите биле претставени од адвокат кој делувал врз основа на потпишани писмени овластувања од нивните родители.
1. Барање за повторно разгледување на случајот надвор од формалната жалбена постапка
23. На 15 јуни 1999 г. сите жалители освен оние под реден број 1, 2, 10 и 12 во Прилогот побарале од Заводот за образование на Острава (Školský úřad) повторно да ги разгледаат, надвор од формалната жалбена постапка (přezkoumání mimo odvolací řízení), административните одлуки за нивно сместување во специјални училишта. Тие тврделе дека нивниот интелектуален капацитет не им бил соодветно тестиран и дека нивните претставници не биле соодветно информирани за последиците од давањето согласност да бидат сместени во специјални училишта. Затоа тие побарале од Заводот за образование да ги поништат оспорените одлуки, кои тие тврделе дека не биле во согласност со законските барања и го повредувале правото на образование без дискриминација.
24. На 10 септември 1999 г. Заводот за образование ги информирал жалителите дека, со оглед дека оспорените одлуки биле во согласност со законот, условите за покренување на постапки надвор од жалбената постапка не биле исполнети во нивниот случај.
2. Уставна жалба
25. На 15 јуни 1999 г. жалителите под реден бр. 1 до 12 од Прилогот поднесле уставна жалба во која тие се жалеле, меѓу другото на de facto дискриминација во општото функционирање на системот за специјално образование. Во таа смисла тие меѓу другото упатиле на членовите 3 и 14 од Конвенцијата и членот 2 од Протоколот бр. 1. Иако признале дека не се жалеле против одлуките за нивно упатување во специјални училишта, тие тврделе дека не биле доволно информирани за последиците од истото и тврделе (во однос на прашањето за исцрпување на правните лекови) дека нивниот случај се однесувал на континуирани повреди и прашања кои оделе подалеку од нивните лични интереси.
Во своите основи за жалбата, жалителите објасниле дека тие биле упатени во специјални училишта согласно праксата која била воспоставена за да се спроведат релевантните статутарни правила. Според нивните изјаснувања таа пракса резултирала со de facto расна сегрегација и дискриминација кои биле отсликани во постоењето на два посебно организирани образовни системи за членовите на различните расни групи, имено специјални училишта за Роми и „регуларни“ основни училишта за мнозинското население. Таа разлика во третманот која не се засновала на никакво објективно и разумно оправдување, достигнала ниво на понижувачко постапување и ги лишила од правото на образование (со оглед дека наставниот план што се следел во специјалните училишта бил инфериорен и учениците во специјалните училишта не можеле да се вратат во основно училиште или да се стекнат со средно образование освен во центрите за стручно образование). Тврдејќи дека добиле несоодветно образование и дека нивното достоинство било повредено, жалителите побарале од Уставниот суд (Ústavní soud) да утврди повреда на нивните права, да ги укине одлуките за нивно упатување во специјални училишта, да им наложи на тужените (засегнатите специјални училишта, Заводот за образование на Острава и Министерството за образование) да се воздржат од секакви понатамошни повреди на нивните права и да го воспостават статусот quo ante со тоа што ќе им понудат часови за надоместување.
26. Во своите писмени поднесоци до Уставниот суд, засегнатите специјални училишта посочиле дека сите жалители биле запишани врз основа на препорака од образовно-педагошки центар и со согласност на нивните претставници. Исто така и покрај тоа што биле известени за релевантните одлуки никој од претставниците не се одлучил да се жали. Според училиштата, претставниците на жалителите биле информирани за разликите во наставните планови меѓу специјалните училишта и основните училишта. Се одржувале редовни состаноци со наставниот кадар заради оценка на учениците (во однос на можноста за нивно префрлање во основно училиште). Тие додале дека некои од жалителите (бр. 5 до 11 од Прилогот) биле советувани дека постоела можност да бидат запишани во основно училиште.
Заводот за образование посочил во своите писмени поднесоци дека специјалните училишта биле посебни правни лица, дека оспорените одлуки содржеле поука за правото на жалба и дека жалителите во ниедна фаза не се обратиле на Школскиот инспекторат.
Министерството за образовани отфрлил секаква дискриминација и забележал тенденција кај родителите на ромските деца да имаат главно негативен став во однос на работата во училиштата. Тие тврделе дека секое упатување во специјално училиште било попратено со оценка на интелектуалниот капацитет на детето и дека родителската согласност била одлучувачки фактор. Понатаму забележале дека имало осумнаесет наставници-асистенти со ромско потекло во училиштата во Острава.
27. Во своите финални писмени поднесоци жалителите посочиле (i) дека во нивните школски досиеја немало ништо што покажувало дека нивниот напредок бил редовно следен во однос на можноста за нивно префрлање во основно училиште, (ii) дека извештаите од образовно-педагошките центри не содржеле никакви информации за тестовите што ги користеле, и (iii) дека нивните препораки за упатување во специјално училиште се базирале на основ како на пример недоволно владеење на чешкиот јазик, пре-толерантен однос од страна на родителите или лошо прилагодена општествена средина. Тие исто така тврделе дека јазовите во нивното образование го правело префрлањето во основно училиште невозможно во пракса и дека социјалните или културните разлики не можеле да ја оправдаат разликата во постапувањето.
28. На 20 октомври 1999 г. Уставниот суд ја отфрлил жалбата на жалителите, делумно врз основа дека била евидентно неоснована и делумно на основ дека немал никакво оправдување да ја разгледа. Сепак ги повикал надлежните власти внимателно и конструктивно да ги разгледаат предлозите на жалителите.
(а) Што се однесува до поплаката на повреда на правата на жалителите како резултат на нивното упатување во специјални училишта, Уставниот суд одлучил дека со оглед дека во жалбата всушност биле посочени само пет одлуки, немал оправдување да одлучува по случаите на оние кои не се жалеле против засегнатите одлуки.
Што се однесува до петте жалители кои поднеле уставни жалби против одлуките за нивното сместување во специјални училиште (бр. 1, 2, 3, 5 и 9 во Прилогот), Уставниот суд одлучил да го отфрли фактот дека тие не поднеле обични жалби против тие одлуки со оглед дека се согласил дека опсегот на нивните уставни жалби одел подалеку од нивните лични интереси. Меѓутоа, тој одлучил дека немало ништо во материјалот пред него што би покажало дека релевантните законски одредби биле толкувани или применувани на неуставен начин, со оглед дека одлуките биле носени од директорите на училиштата кои го имале неопходното овластување врз основа на препораките на образовно-психолошките центри и согласноста од претставниците на жалителите.
(б) Што се однесува до поплаките на недоволно следење на напредокот на жалителите во училиштето или расната дискриминација Уставниот суд забележал дека не била негова улогата да го проценува севкупниот социјален контекст и одлучил дека жалителите не обезбедиле конкретни докази кои би ги поддржале нивните тврдења. Понатаму тој забележал дека жалителите имале право на жалба против одлуките за нивното сместување во специјални училишта, но не го искористиле. Што се однесува до приговорот дека не биле дадени доволно информации за последиците од сместувањето во специјално училиште, Уставниот суд сметал дека претставниците на жалителите можеле да ги добијат информациите со тоа што ќе стапеле во контакт со училиштата и дека немало ништо во досието што би укажало на некаков интерес да се префрлат во основно училиште. Уставниот суд затоа одлучил дека овој дел од жалбата бил евидентно лошо заснован.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Законот за училишта од 1984 г. (Законот бр. 29/1984 – после тоа заменет со Законот 561/2004, кој стапил на сила на 1 јануари 2005 г.)
29. Пред 18 февруари 2000 г. членот 19(1) од Законот за училишта уредувал дека за ученик да може да се запише во средно училиште тој морал успешно да го заврши своето основно образование.
По измените и дополнувањата бр. 19/2000 кои стапиле на сила на 18 февруари 2000 г., изменетиот член 19(1) уредувал дека за еден ученик да се запише во средно училиште тој морал да го има завршено своето задолжително образование и да покаже во текот на постапката за прием дека ги исполнувал условите за да може да се запише на избраната насока.
30. Законот 31(1) уредувал дека специјалните училишта биле наменети за деца со „ментални недостатоци“ (rozumové nedostatky) што ги спречувале да го следат наставниот план во регуларните училишта или во специјализирани основни училишта (speciální základní škola) наменети за деца кои страдале од оштетување на сетилата, болест или хендикеп.
Б. Законот за училишта од 2004 г. (Законот бр. 561/2004)
31. Овој нов Закон за школско образование повеќе не ги уредува специјалните училишта во формата што постоела пред тој да стапи на сила. Основното образование сега го обезбедуваат основните училишта и специјализираните основни училишта, при што вториве се наменети за ученици со сериозен ментален хендикеп или повеќекратни хендикепи и за аутистични деца.
32. Членот 16 содржи одредби кои се однесуваат на образованието на децата и учениците со специјални образовни потреби. Тие се дефинирани во потставот 1 како деца кои страдаат од хендикеп, здравствени проблеми или општествен хендикеп. Членот 16(4) уредува дека за потребите на Законот детето е општествено хендикепирано меѓу другото ако потекнува од семејно опкружување со низок општествено-културен статус или ако е соочено со ризик од општетствено-патолошка појава. Потставот 5 уредува дека постоењето на специјални образовни потреби треба да се процени од центрите за образовно насочување.
33. Законот исто така уредува меѓу другото да има наставници-асистенти, индивидуализирани образовни проекти, подготвителна настава за децата со општествен хендикеп пред периодот на задолжително образование на училиште и дополнителни часови за учениците кои не примиле елементарно образование.
В. Указот бр. 127/1997 за специјализираните училишта (подоцна укинат со Указот бр. 73/2005, кој стапил на сила на 17 февруари 2005 г.)
34. Членовите 2 § 4 од Указот утврдуваат дека следниве училишта биле достапни за ученици кои страдале од ментален хендикеп: специјализирани предучилишни установи (speciální mateřské školy), специјални училишта (pomocné školy), центри за стручна обука (odborná učiliště) и училишта за практична обука (praktické školy).
35. Членот 6 § 2 стипулира дека ако за време на школувањето на ученикот имало промена во природата на неговиот или нејзиниот хендикеп или ако специјализираното училиште повеќе не било прилагодено на новото на хендикеп, директорот на училиштето кое го посетувало ученикот е должен, после разговорот со претставникот на ученикот да препорача упатување на ученикот во друго специјализирано или регуларно училиште.
36. Членот 7 § 1 стипулира дека одлуката за упатување на ученикот или префрлување на ученикот, меѓу другото, во специјално училиште ја носи директорот на училиштето под услов законскиот старател на ученикот да дал согласност. Членот 7 § 2 уредува дека предлогот за еден ученик да биде сместен, меѓу другото, во специјално училиште може да биде поднесен до директорот од страна на законскиот старател на ученикот, актуелното училиште на ученикот, образовно-педагошки центар, болница или клиника, орган овластен за заштита на семејството и детето, здравствена установа, и сл. Во случај ученикот да не добие место во специјално училиште, директорот на училиштето е обврзан со членот 7 § 3 да го извести законскиот старател на ученикот и надлежните школски власти или општината во која ученикот има постојано живеалиште за одлуката. Образовните власти тогаш се обврзани по консултирањето на општината, да поднесат предлог во однос на училиштето во кое ученикот би се стекнал со своето задолжително образование. Членот 7 § 4 бара од образовно-прихолошкиот центар да ги собере сите документи што се релевантни за одлуката и да даде препорака до директорот во врска со типот на училиште.
Г. Указ бр. 73/2005 за образование на децата, учениците и студентите со посебни образовни потреби и на надарени деца, ученици и студенти
37. Членот 1 од Указот уредува дека учениците и студентите со посебни образовни потреби треба да се образуваат со помош на мерки за поддршка кои одат подалеку и се различни од индивидуализираните образовни и организациски мерки достапни во регуларните училишта.
38. Членот 2 уредува децата чии посебни образовни потреби биле утврдени со помош на образовно или психолошко испитување спроведено од страна на центрите за образовно насочување ќе добијат посебно школување ако имаат јасна и неопходна потреба која бара да бидат вклучени во посебниот образовен систем.
Д. Домашната пракса во материјалното време
1. Психолошко испитување
39. Тестирањето на интелектуалниот капацитет во образовно-психолошки центар со согласност на законскиот старател на детето не било ниту задолжително ниту автоматско. Препораката за детето да биде тестирано генерално доаѓала од наставниците – било кога детето за првпат се запишувало на училиште или доколку биле забележани тешкотии во регуларното основно образование – или од педијатари.
40. Според жалителите, кои цитирале стручни лица од областа, највообичаено користените тестови се чинело дека биле варијанти на Векслеровата скала на интелигенција за деца (PDW и WISC-III) и Станфорд-Бине тестот за интелигенција. Цитирајќи различни мислења, вклучително и оние на наставниците и психолозите и раководителот на Секторот за специјални училишта при чешкото Министерство за образование во февруари 1999 г., жалителите се изјасниле дека тестовите кои биле користени не биле ниту објективни ниту веродостојни, со оглед дека биле изработени само за чешките деца и не биле стандардизирани или одобрени да се користат за ромските деца. Исто така никакви мерки не биле преземени за да им се овозможи на ромските деца да ги надминат своите културни и лингвистички пречки на тестовите. Ниту некакви упатства биле дадени за да се ограничи опсегот што им била дадена на примената на тестовите и толкувањето на резултатите. Жалителите исто така упатија на извештај од 2002 г. во кој чешкиот Школски инспекторат забележал дека деца без никакви значителни проблеми и понатаму се сместувале во специјалните училишта.
41. Во извештајот поднесен од Република Чешка на 1 април 1999 г. согласно членот 25 § 1 од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, било забележано дека психолошките тестови „се смислени за мнозинското население и не ги земаат во предвид специфичностите на ромското население“.
Советодавниот комитет за Рамковната конвенција забележал во својот прв извештај за Република Чешка, кој бил објавен на 25 јануари 2002 г., дека иако овие училишта биле креирани за ментално хендикепирани деца сепак се чинело дека многу ромски деца кои не биле ментално хендикепирани биле сместени таму заради реални или перцепирани јазични и културни разлики меѓу Ромите и мнозинското население. Комитетот нагласил дека „сместувањето на детето во такви специјални училишта требало да се случи само кога истото е апсолутно неопходно и секогаш на основа на доследни, објективни и сеопфатни тестови“.
Во вториот извештај на Република Чешка објавен на 26 октомври 2005 г. Советодавниот комитет забележал: „Тестовите и методите што се користат за оценување на интелектуалната способност на децата при запишување на училиште веќе биле разгледувани во однос на тоа да обезбедат тие да не бидат искористени на штета на ромските деца.“ Меѓутоа, забележува со загриженост дека „ревидирањето на психолошките тестови употребени во овој контекст немало забележителни последици. Според неофицијалните проценки, на Ромите отпаѓаат 70% од учениците во [специјалните] училишта, и ова – со оглед на процентот на Роми во населението – наметнува сомнеж во однос на валидноста на тестовите и релевантната методологија што била применувана во пракса“.
42. Во својот извештај за Република Чешка објавен на 21 март 2000 г., Европската комисија против расизам и нетрпеливост (ЕКРН) забележала дека насочувањето на ромските деца во специјалните училишта честопати било пријавено како квази-автоматско. Според ЕКРН лошите резултати на овие деца на тестовите за предучилишната способност можат да се објаснат со фактот дема во Република Чешка повеќето ромски деца не посетувале градинки. Затоа ЕКРН сметала дека праксата на насочување на децата Роми/Цигани во специјалните училишта за деца со ментално заостанување требало во целост да се испита за да се обезбеди сите тестови што се применуваат да бидат правични, и вистинската способност на секое дете да биде соодветно проценета.
Во својот следен извештај за Република Чешка, кој бил објавен во Јуни 2004 г., ЕКРН забележал дека тестот развиен од чешкото Министерство за образование за проценка на менталното ниво на детето не бил задолжителен, а тоа било само еден сет на алатки и методи препорачани од центрите за образовно насочување.
43. Во својот конечен извештај за состојбата со човековите права кај Ромите, Синитите и Чергарите во Европа од 15 февруари 2006 г. Комесарот за човекови права забележал: „Ромските деца честопати се сместуваат во одделенија за деца со посебни потреби без соодветна психолошка или педагошка проценка, при што реалниот критериум бил нивното етничко потекло.„
44. Според забелешките поднесени од Меѓународното здружение чекор по чекор, Фондот за образование на Ромите и Европското здружение за истражувања во областа на образованието во раното детство земјите од источно-централна и југоисточна Европа вообичаено немале дефиниции за „хендикеп“ (поврзани со сместувањето на учениците во специјални училишта) и користеле дефиниции во кои некои форми на хендикеп биле поврзани со општествено-културното потекло на детето, со што оставале отворена врата за дискриминирачки пракси. Податоците за децата со хендикеп биле изработени во голема мерка од административни извори наместо да произлегуваат од темелна проценка на реалните карактеристики на детето. Оттука, практиките на разделување и користењето на еден единствен тест биле вообичаени во деведесеттите години на минатиот век.
Во забелешките се тврди дека проценката користена за сместување на ромските деца во специјалните училишта во регионот на Острава е спротивна на показателите од делотворната проценка кои биле добро познати во средината на деведесеттите години, на пример оние објавени во 1987 г. од страна на Националното здружение за образование на мали деца (САД). Овие показатели сега биле поврзани со Глобалната алијанса за образование на мали деца, која имала организации-членки во Европа и поконкретно во Република Чешка. Релевантните показатели вклучувале: етички принципи за водење практики на проценување; користење на инструменти за проценка за нивните планирани цели и на таков начин што да се овозможи исполнување на критериумите за професионален квалитет; проценки соодветни на возрастите и другите карактеристики на децата кои се оценуваат; препознавање на развојната и образовната важност на предметот на проценката; користење на докази за оценка за да се разбере и подобри учењето; собирање на докази од оценката на реални состојби и ситуации кои ја отсликувале реалната изведба на децата; користење на повеќекратни извори на докази собрани во текот на времето на проценување; постоење на врска меѓу набљудувањето и она што следи; ограничувања на употребата на поединечно применети тестови засновани на норми; и соодветни информации за персоналот и семејствата инволвирани во процесот на проценка.
Оттука, оценката на ромските деца во регионот на Острава не го зела во предвид јазикот и културата на децата, или нивните претходни искуства на учење, или нивната незапознаеност со тоа што барале тестовите. Биле користени единечни наместо повеќекратни извори на докази. Тестот бил решаван наеднаш, а не во подолг временски период. Доказите не биле добиени во реални или автентични услови каде децата можеле да ги демонстрираат своите вештини. Непотребен акцент бил ставен на поединечно спроведени стандардизирани тестови нормирани за други населенија.
Според студиите цитирани во овие забелешки (UNICEF Innocenti Insight (2005); Save the Children (2001), Denied a future? The right to education of Roma/Gypsy and Traveller children; D.J. Losen and G. Orfield (2002), Introduction: Racial inequity in special education, Cambridge, MA: Harvard Education Press), несразмерното упатување на одредени групи на ученици во специјални училишта произлегло од цел спектар на фактори, вклучувајќи „несвесна расна пристрасност од страна на школските власти, големи нееднаквости во однос на ресурсите, неоправдано потпирање на коефициентот на интелигенција и други алатки за евалуација, несоодветна реакција на воспитувачите на притисоците од тестирањето кое било со високи влогови, и разликите во моќта меѓу родителите од малцинствата и службените лица од училиштата“. Оттука сместувањето во училиште преку психолошко тестирање честопати отсликувало расна пристрасност во засегнатото општество.
45. Владата забележала дека унифицирањето на европските норми што ги користеле психолозите во моментот било во тек и дека државните власти ги презеле сите разумни чекори за да обезбедат психолошките тестови да бидат спроведени од соодветни квалификувани експерти со универзитетско образование и при тоа применувајќи ги највисоките професионални и етички стандарди во нивната област на специјалност. Исто така истражувањето спроведено во 1997 г. од чешките експерти на барање на Министерството за образование покажало дека ромските деца на стандарден тест за интелигенција (WISC-III) покажале само незначително пониски резултати од чешките деца кои не биле Роми, а кои биле во слична ситуација (еден поен на скалата за коефициентот на интелигенција).
2. Согласност за упатување во специјално училиште
46. Членот 7 од Указот бр. 127/1997 за специјализираните училишта ја направил согласноста на законските старатели услов sine qua non за детето да биде упатено во специјално училиште. Жалителите забележале дека чешкото законодавство не барало согласноста да биде писмена. Ниту пак информациите за образованието што го нуделе специјалните училишта или последиците од сместувањето на детето во специјални училиште да бидат посочени од напред.
47. Во својот извештај за Република Чешка објавен во март 2000 г. ЕКРН забележала дека родителите Роми често пати биле наклонети ромските деца да бидат упатувани на специјалните училишта, делумно за да избегнат малтретирање од неромските деца во регуларните училишта и заради изолирање на детето од други деца од соседството, и делумно заради релативно ниското ниво на интерес за образование.
Во својот извештај за Република Чешка објавен во јуни 2004 г. ЕКРН забележала дека кога се одлучувало дали да дадат или не согласност родителите на децата Роми и понатаму „немале информации во врска со долгорочните негативни последици од испраќањето на нивните деца во такви училишта“, кои „честопати на родителите им биле претставувани како можност нивното дете да добие специјализирано внимание и да биде со други ромски деца“.
48. Според информациите добиени од Меѓународната федерација за човекови права од нивните чешки соработници, многу училишта во Република Чешка нерадо примале ромски деца. Нивниот отпор е објаснет со реакцијата на родителите на деца кои не се Роми, која во многу случаи се сведувала на отпишување на нивните деца од интегрираните училишта бидејќи родителите се плашеле дека нивото на училиштето ќе паднело со доаѓањето на ромските деца или сосема просто заради предрасудите во однос на Ромите. Во таков контекст ромските деца биле тестирани со тестови креирани за утврдување на нивниот капацитет да следат обичен наставен план, по што родителите на ромските деца биле охрабрувани да ги запишат своите деца во специјални училишта. Изборот на родителите да ги запишат своите деца во специјални училишта, онаму каде што се работело за нивен избор, е доследен со желбата на училишните власти да не примаат многу ромски деца затоа што нивото присуство можело да ги поттикне родителите на неромските деца да ги отпишат од училиштето.
3. Последици
49. Учениците во специјалните училишта следат посебен наставен план под претпоставка прилагоден на нивниот интелектуален капацитет. По завршувањето на задолжителното образование во овој вид на училиште тие може да изберат да продолжат со своето образование во центрите за стручно образование или, од 18 февруари 2000 г. во други форми на средно образование (под услов да можат да потврдат во рамките на приемните процедури дека ги задоволуваат условите за да се запишат на насоката што ја избрале).
Понатаму, членот 6 § 2 од Указот бр. 127/1997 уредувал дека доколку за време на школувањето на ученикот, имало промени во природата на неговиот или нејзиниот хендикеп или ако специјализираното училиште повеќе не било прилагодено на неговиот хендикеп, директорот на училиштето кое го посетува детето или ученикот требал после разговор со старателот на ученикот да препорача упатување на ученикот во друго специјализирано училиште или во регуларно училиште.
50. Во својот конечен извештај за состојбата со човековите права на Ромите, Синтите и Чергарите во Европа од 15 февруари 2006 г. комесарот за човекови права забележал: „Да се биде подложен на специјални училишта или паралелки значи дека овие деца следат наставен план инфериорен на оној во редовното школување, кој ги намалува нивните можности за понатамошно образование и наоѓање на вработување во иднина. Автоматското сместување на ромските деца во паралелки за деца со посебни потреби најверојатно ќе ја зголеми стигмата од етикетирање на ромските деца како помалку интелигентни и помалку способни. Истовремено, сегрегираното образование ги лишува и ромските и неромските деца од шансата да се запознаат и да научат да живеат како еднакви граѓани. Тоа ги исклучува ромските деца од главните текови на општеството од самиот почеток на нивните животи, зголемувајќи го ризикот од тоа да се најдат вклештени во маѓепсаниот круг на маргинализацијата.
51. Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства забележал во својот втор извештај за Република Чешка кој бил објавен на 26 октомври 2005 г. дека сместувањето во специјално училиште „само им отежнува на ромските деца да добијат пристап до други нивоа на образование, со што се намалуваат нивните шанси за интегрирање во општеството. Иако законодавството повеќе не ги спречува децата да напредуваат од ‘специјалните’ во регуларните средни училишта, нивото на образование понудено од ‘специјалните’ училишта генерално не дава можност да се справат со условите на средните училишта, со резултат дека повеќето го напуштаат системот“.
52. Според забелешките поднесени од Меѓународното здружение чекор по чекор, Фондот за образование на Ромите и Европското здружение за истражување во областа на образованието во раното детство сместувањето на децата во сегрегирани специјални училишта било пример на многу рано „ловење“ на учениците, во овој случај преку упатување на децата за кои се смета дека имаат „мал капацитет“ или „мал потенцијал“ во специјални училишта од рана возраст. Таквите пракси ја зголемиле образовната неправичност со оглед дека имале особено негативни последици по нивоата на достигнувања на децата од социјално-загрозените средини (види, inter alia, the Communication from the Commission of the European Communities to the Council and to the European Parliament on efficiency and equity in European education and training systems (COM/2006/0481, 8 September 2006)). Долгорочните последици од „ловењето“ вклучувале и насочување на учениците кон помалку престижни форми на образование и обука и учениците да го напуштаат школувањето рано. Ловењето на тој начин може да помогне во градењето на социјална конструкција на неуспех.
53. Во овие забелешки на Судот организациите Меѓународната група за правата на малцинствата, Европската мрежа против расизам и Европската информативна канцеларија за Ромите забележале дека децата во специјалните училишта следеле поедноставен наставен план кој се сметал за соодветен за нивното пониско ниво на развој. Па така, во Република Чешка, од децата во специјалните училишта не се очекувало да ја знаат азбуката или броевите до десет до трето или четврто одделение, додека нивните врсници во регуларните училишта го учеле ова во прво одделение.
III. ИЗВОРИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА
А. Комитетот на министри
Препорака бр. Р (2000) 4 на Комитетот на министри за земјите членки во однос на образованието на децата Роми/Цигани во Европа (усвоена од Комитетот на министри на 3 февруари 2000 г. на 696-тиот состанок на замениците министри)
54. Препораката го уредува следново:
„Комитетот на министри, согласно членот 15.б од Статутот на Советот на Европа,
Земајќи ја во предвид целта на Советот на Европа за постигнување на поголемо единство меѓу нејзините членки и за оваа цел може да се оствари, особено преку заедничко делување на полето на образование;
Согледувајќи дека постои итна потреба за градење на нови темели за идни образовни стратегии во однос на Ромите/Циганите во Европа, особено што се однесува до високите стапки на неписменост или полуписменост меѓу нив, нивната висока стапка на напуштање, нискиот процент на ученици кои го завршиле основното образование и упорно присутната одлика како што е ниската стапка на посетеност на училиште;
Забележувајќи дека проблемите со кои се соочени Ромите/Циганите на полето на школувањето во голема мерка произлегуваат од долгогодишните образовни политики во минатото кои довеле или до асимилација или до сегрегација на децата Роми/Цигани на училиште врз основа на тоа дека тие биле ‘општествено и културно хендикепирани’;
Земајќи во предвид дека незавидната позиција на Ромите/Циганите во европските општества не може да се надмине доколку не се гарантира еднаквост на можностите на полето на образованието за децата Роми/Цигани;
Согледувајќи дека образованието на децата Роми/Цигани треба да претставува приоритет за националните политики во корист на Ромите/Циганите;
Имајќи на ум дека политиките насочени кон осврнување на проблемите со кои се соочени Ромите/Циганите на полето на образованието треба да бидат сеопфатни, засновани на согледување дека прашањето за школувањето на децата Роми/Цигани треба да биде поврзано со широк спектар на други фактори и предуслови, имено економски, социјални и културни аспекти, и борбата против расизмот и дискриминацијата;
Имајќи на ум дека образовните политики наклонети кон децата Роми/Цигани треба да бидат поддржани од политика за активно образование и стручна подготовка на возрасните;
...
Препорачува при спроведувањето на своите образовни политики владите на земјите-членки:
- да се водат од принципите поставени во Додатокот кон оваа Препорака;
- да ја посочат оваа Препорака на релевантните јавни органи во своите ценети земји преку соодветни национални канали.“
55. Релевантните делови од Додатокот на Препораката бр. Р (2000) 4 го велат следново:
„Водечки принципи на образовната политика за децата Роми/Цигани во Европа
I. Структури
1. Образовните политики за децата Роми/Цигани треба да се проследени од соодветни ресурси и флексибилни структури неопходни за да одговорат на разновидноста на ромското/циганското население во Европа и да го земат во предвид постоењето на ромски/цигански групи кои водат чергарски или получергарски живот. Во оваа насока може да се предвиди да се има можност за учење од далеку со примена на новите технологии за комуникација.
2. Акцентот треба да се стави на потребата за подобра координација на меѓународни, национални, регионални и локални нивоа со цел да се избегне дисперзија на напорите и да се промовира синергија.
3. За оваа цел земјите членки треба да ги направат министерствата за образование чувствителни на прашањето на образование на децата Роми/Цигани.
4. За да се обезбеди пристап до училиште за децата Роми/Цигани, шемите за предучилишно образование треба да се широко развиени и достапни за нив.
5. Особено внимание исто така треба да се посвети на потребата за обезбедување на подобра комуникација со родителите, кога е неопходно користење на посредници од ромската/циганската заедница кои потоа ќе можат да доведат до конкретни можности за кариера. Посебно треба да им се дадат информации и совети на родителите за потребата од образование и механизми за поддршка што општините можат да им ги понудат на семејствата. Мора да постои взаемно разбирање меѓу родителите и училиштата. Исклучувањето на родителите и недостатокот на знаење и образование (дури и неписменост) исто така ги спречува децата да имаат корист од образовниот систем.
6. Треба да се воспостават соодветни структури за поддршка за да им се овозможи на децата Роми/Цигани, особено преку позитивно делување, да имаат корист од еднаквите можности на училиште.
7. Се повикуваат земјите-членки да ги обезбедат потребните средства за спроведување на гореспоменатите политики и договори со цел да се затвори јазот меѓу учениците Роми/Цигани и учениците од мнозинската заедница.
II. Наставниот план и наставните материјали
8. Образовните политики во корист на децата Роми/Цигани треба да се спроведуваат во рамките на пошироките интеркултурни политики, земајќи ги во предвид посебните одлики на ромската култура и незавидната позиција на многу Роми/Цигани во земјите членки.
9. Затоа наставниот план, во целина, и наставниот материјал треба да бидат дизајнирани така што ќе се земе во предвид културниот идентитет на децата Роми/Цигани. Ромската историја и култура треба да бидат воведени во наставниот материјал за да се отслика културниот идентитет на децата Роми/Цигани. Учеството на претставниците на заедницата на Роми/Цигани треба да биде охрабрена во развојот на наставниот материјал за историјата, културата или јазикот на Ромите/Циганите.
10. Меѓутоа земјите-членки треба да обезбедат ова да не доведе до воспоставување на посебни наставни планови кои можат да доведат до формирање на посебни паралелки.
11. Земјите-членки исто така треба да го охрабруваат развојот на наставен материјал заснован на добри пракси со цел да им се помогне на наставниците во нивната секојдневна работа со учениците Роми/Цигани.
12. Во земјите каде се зборува ромскиот јазик, на децата Роми/Цигани треба да им се понудат можности да учат на мајчин јазик на училиште.
III. Регрутирање и обука на наставен кадар
13. Важно е во иднина наставниците да се стекнат со конкретни знаење и обука за да им се помогне подобро да ги разберат своите ученици Роми/Цигани. Меѓутоа образованието на учениците Роми/Цигани треба да остане интегрален дел од општиот образовен систем.
14. Ромската/циганската заедница треба да биде вклучена во дизајнирањето на таквите наставни планови и треба да е директно вклучена во обезбедувањето на информации на идните наставници.
15. Исто така треба да се поддржи и обуката и регрутирањето на наставници од самата ромска/циганска заедница.
...”
Б. Парламентарното собрание
1. Препорака бр. 1203 (1993) за Циганите во Европа
56. Парламентарното собрание меѓу другото ги даде следниве општи забелешки:
„1. Една од целите на Советот на Европа е да се промовира појавата на вистински европски културен идентитет. Европа е дом на многу различни култури и сите, вклучувајќи ги и многуте малцински култури, ја збогатуваат и придонесуваат за културната разновидност на Европа.
2. Посебно место кај малцинствата е резервирано за Циганите. Живеејќи распрснати низ цела Европа, без земја која можат да ја наречат своја, тие се вистинско европско малцинство, но такво кое не се вклопува во дефинициите за национални или лингвистички малцинства.
3. Како не-територијално малцинство Циганите во голема мерка придонесуваат за културната разновидност на Европа. Во различни делови од Европа тие придонесуваат на различни начини, било преку јазикот и музиката или нивните занаети.
4 Со оглед дека централно и источно европските земји сега се земји-членки, бројот на Цигани кои живеат во областа на Советот на Европа се зголеми драстично.
5. Нетрпеливоста кон Циганите од страна на другите постоела низ вековите. Меѓутоа испади на расна или социјална омраза се појавуваат сè почесто и напнатите односи меѓу заедниците придонесоа за ужасната состојба со животите на мнозинството Цигани денес.
6. Почитувањето на правата на Циганите, поединечните, основните и човековите права и нивните права како малцинство е од основна важност за да се подобри нивната состојба.
7. Гаранциите за еднакви права, еднакви шанси, еднаков третман и мерки за подобрување на нивната состојба ќе го направи можно оживувањето на циганскиот јазик и култура со што ќе се збогати европската културна разновидност.
8. Гаранцијата за уживање на правата и слободите утврдени во член 14 од Европската конвенција за човекови права е важна за Циганите бидејќи им овозможува да ги одржат своите индивидуални права.
...”
57. Што се однесува до образованието, Препораката вели:
“...
vi. постоечките европски програми за обука на наставници за Циганите треба да се прошират;
vii. посебно внимание треба да се посвети на образованието на жените како целина и на мајките со млади деца;
viii. талентираните млади Цигани треба да се охрабруваат да учат и да делуваат како посредници за Циганите;
...”
2. Препорака бр. 1557 (2002) за правната ситуација со Ромите во Европа
58. Оваа препорака, меѓу другото вели:
“...
3. Денеска Ромите сè уште се предмет на дискриминација, маргинализација и сегрегација. Дискриминацијата е широко распространета на секое поле од јавниот и личниот живот, вклучувајќи и пристап до јавни места, образование, здравствени услуги и домување како и преминување на граници и пристап до постапки за азил. Маргинализацијата и економската и социјалната сегрегација на Ромите се претвора во етничка дискриминација која обично има последици по најслабите социјални групи.
4. Ромите претставуваат специјална малцинска група што се однесува на нивниот двоен малцински статус. Тие се етничка заедница и повеќето од нив им припаѓаат во социјално загрозените групи на општеството.
...
15. Советот на Европа може и мора да игра важна улога за подобрување на законскиот статус, нивото на еднаквост и условите за живеење на Ромите. Собранието ги повикуваат земјите-членки да ги исполнат шесте општи услови, кои се неопходни за подобрување на ситуацијата со Ромите во Европа:
...
в. Да се гарантира еднаков третман за ромското малцинство како етничка или национална малцинска група на полето на образование, вработување, домување, здравствени и јавни услуги. Земјите-членки треба да посветат посебно внимание на:
i. промовирање на еднакви можности за Ромите на пазарот на трудот;
ii. обезбедувањето на можност за ромските ученици да учествуваат на сите нивоа на образование од градинка до универзитет;
iii. развивање на позитивни мерки за регрутирање на Роми во јавните служби од различна релевантност за ромската заедница, како што се основните и средните училишта, центрите за социјална работа, локалните установи за примарна здравствена нега и локалната администрација;
iv. искоренување на сите пракси на сегрегирано школување на ромските деца, особено со насочувањето на ромските деца во училишта или паралелки за ментално хендикепирани деца;
г. да се развие и спроведе позитивна активност и преференцијален третман за социјално лишените слоеви, вклучувајќи ги Ромите како заедница во социјално загрозена позиција, на полето на образованието, вработувањето и домувањето;
...
д. да преземат конкретни мерки и да се креираат посебни институции за заштита на ромскиот јазик, култура, традиции и идентитет;
...
ii. да се охрабрат ромските родители да ги испратат своите деца во основно училиште, средно училиште и високо образование, вклучително колеџ или универзитет, и да им се дадат соодветни информации за неопходноста од образование;
...
v. да се регрутира ромски наставен кадар, особено во области со големо ромско население;
ѓ. борба против расизам, ксенофобија и нетрпеливост и да се обезбеди недискриминирачки третман на Ромите на локално, регионално, национално и меѓународно ниво;
...
vi. да се посвети посебно внимание на појавата на дискриминација на Ромите, особено на полето на образование и вработување;
...”
В. Европската комисија против расизам и нетрпеливост („ЕКРН“)
1. Препорака бр. 3 на Општата политика на ЕКРН: Борба против расизам и нетрпеливост кон Ромите/Циганите (усвоена од ЕКРН на 6 март 1998)
59. Релевантните делови од оваа Препорака велат:
„Европската комисија против расизам и нетрпеливост:
...
Потсетувајќи се дека борбата против формите на расизам, ксенофобија, антисемитизам и нетрпеливост претставуваат интегрален дел од заштитата и промовирањето на човековите права, дека овие права се универзални и неделиви, и дека сите човекови суштества без никаква разлика имаат право на овие права;
Нагласувајќи дека борбата против расизмот, ксенофобијата, антисемитизмот и нетрпеливоста пред сè е прашање на заштита на правата на ранливите групи во општеството;
Убедена дека во секоја активност за борба против расизмот и дискриминацијата, акцент треба да се стави на жртвата и подобрување на неговата или нејзината состојба;
Забележувајќи дека Ромите/Циганите страдаат низ цела Европа од постојани предрасуди, жртви се на расизам кој е длабоко вкоренет во општеството, тие се цели на понекогаш насилни демонстрации на расизам и нетрпеливост и дека нивните основни права редовно се повредуваат или се загрозени;
Исто така забележувајќи дека постојаните предрасуди против Ромите/Циганите водат кон дискриминација против нив на многу полиња на социјалниот и економскиот живот, дека таквата дискриминација претставува главен фактор во процесот на социјалното исклучување кое ги погаѓа многу Роми/Цигани;
Убедена дека промоцијата на принципот на трпеливост е гаранција за зачувување на отворени и плуралистички општества кои дозволуваат мирна коегзистенција;
го препорачува следново на Владите на земјите- членки:
...
- борба против дискриминацијата како таква, како и против дискриминирачките практики, преку адекватна законска регулатива и да се воведат во граѓанското право посебни одредби за оваа цел, особено на полето на вработувањето, домувањето и образованието.
...
- ревносна борба против сите форми на сегрегација на децата Роми/Цигани во училиште и да се обезбеди делотворно уживање на еднаков пристап до образование;
...”
2. Препорака бр. 7 на Општата политика на ЕКРН за националната законска регулатива за борба против расизам и расна дискриминација (усвоена од ЕКРН на 13 декември 2002)
60. Следниве дефиниции се користат за потребите на оваа препорака:
„9а) ‘расизам’ означува верување дека основа како раса, боја, јазик, вера, државјанство или национално или етничко потекло оправдува презир за лице или група на лица или идеја за супериорност на лице или група на лица.
(б) ‘непосредна расна дискриминација’ значи секакво различно постапување засновано на основ како раса, јазик, религија, националност или национално или етничко потекло, која нема објективно и разумно оправдување. Различното постапување нема објективно и разумно оправдување доколку не се води од легитимна цел или доколку нема разумен однос на сразмерност меѓу средствата што се користат и целта што се сака да се постигне.
(в) ‘посредна расна дискриминација’ значи случаи кога одреден начелно неутрален фактор како што е одредба, критериум или пракса не може лесно да се почитува или може да ги стави во полоша ситуација ... лица кои и припаѓаат на група креирана по основ како раса, боја, јазик, вера, државјанство или национално или етничко потекло, освен ако овој фактор нема објективно или разумно оправдување. Последново се однесува на случај кога се води од легитимна цел и доколку има разумен однос на сразмерност меѓу применетите средства и целта која се сака да се реализира.“
61. Во појаснувачкиот меморандум на оваа Препорака се забележува (точка 8) дека дефинициите за непосредната и посредната расна дискриминација содржани во став 1 (б) и (в) од Препораката се инспирирале од оние содржани во Директивата на Советот 2000/43/EЗ со која се имплементира принципот на еднакво постапување со лица без разлика на расното или етничко потекло и во Директивата на Советот 2000/78/EЗ за воспоставување на општа рамка за еднаков третман при вработување и во дадена професија, и во судската пракса на Европскиот суд за човекови права.
3. Извештај за Република Чешка објавен во септември 1997 г.
62. Во делот од извештајот што се занимава со аспектите на политиката за образованието и обуката ЕКРН вели дека јавното мислење се чини дека понекогаш е доста негативно кон одредени групи, особено ромската/циганската заедница, и предлага да се преземат дополнителни мерки за подигнување на јавната свест за прашањата поврзани со расизмот и нетрпеливоста и за да се подобри трпеливоста кон сите групи во општеството. Во него се додава дека треба да се преземат специјални мерки во врска со образованието и обуката на членовите на малцинските групи, особено членовите на ромската/циганската заедница.
4. Извештај за Република Чешка објавен во март 2000 г.
63. Во овој извештај ЕКРН изјави дека незавидната ситуација и делотворната дискриминација со која се соочени членовите на ромската/циганската заедница на полето на образованието предизвикувале особено сериозна загриженост. Било забележано дека децата Роми/Цигани значително доминирале во специјалните училишта и било пријавено дека нивното насочувања кон специјалните училишта често пати било квази-автоматско. Родителите Роми/Цигани честопати биле наклонети кон ова решение, делумно за да избегнат злоупотреба од децата кои не биле Роми/Цигани во регуларните училишта и заради изолација на детето од другите деца Роми/Цигани од соседството, и делумно заради релативно ниското ниво на интерес за образование. Повеќето деца Роми/Цигани биле последователно упатувани во образовни установи дизајнирани за други цели, нудејќи малку шанси за обука за вештини или образовна подготовка и затоа имале многу ограничени можности за дополнително учење или вработување. Вклученоста на членовите на ромската/циганската заедница во образованието после основното образование било крајно ретко.
64. Затоа ЕКРН сметал дека праксата на насочување на децата Роми/Цигани во специјалните училишта за оние со ментално заостанување требало во целост да се испита за да се обезбеди сите тестови што се применуваат да бидат правични и вистинската способност на секое дете да биде соодветно проценета. ЕКРН исто така сметала дека било неопходно родителите Роми/Цигани да станат свесни за потребата нивните деца да добијат нормално образование. Генерално ЕКРН сметал дека имало потреба од поблиска вклученост на членовите на ромската/циганската заедница по прашања во врска на образованието. За почеток властите требале да обезбедат родителите Роми/Цигани да се целосно информирани за мерките што биле преземени и да бидат охрабрени да учествуваат во образовните одлуки кои имаат последици за нивните деца.
5. Извештај за Република Чешка објавен во јуни 2004 г.
65. Што се однесува до пристапот на ромските деца до образование, ЕКРН во овој извештај ја изразува својата загриженост дека ромските деца продолжиле да ги испраќаат во специјални училишта кои покрај тоа што ја продлабочувале нивната сегрегација од главните текови на општеството исто така сериозно им наштетувале за целиот нивен живот. Стандардизираниот тест развиен од чешкото Министерство за образование за оценување на менталното ниво на детето не бил задолжителен и бил само една од алатките и методи препорачани на центрите за психолошко советување. Што се однесува до другиот елемент кој се барал за едно дете да се испрати во специјално училишта – согласност од законскиот старател на детето – во ЕКРН забележале дека родителите кои носеле такви одлуки и понатаму немале информации за долгорочните негативни последици од испраќањето на нивните деца во такви училишта, кои честопати биле претставувани на родителите како шанса за нивните деца да добијат специјализирана помош и да бидат со други ромски деца. ЕКРН исто така вели дека добила пријави од родители Роми кои биле одбиени од регуларните училишта.
ЕКРН исто така забележува дека Законот за училишта стапил на сила во јануари 2000 г. и им дал можност на децата од специјалните училишта да се пријават да бидат примени во средни училиште. Според различни извори, тоа останало главно теоретска можност со оглед дека специјалните училишта не им го нуделе на децата знаењето кое било потребно за да можат да ја следат наставата во средно училиште. Немало воспоставено никакви мерки за да се обезбеди дополнително образование за учениците кои минале низ специјалниот школски систем за да се доведат до ниво каде би биле соодветно подготвени за регуларните средни училишта.
ЕКРН добил многу позитивни повратни информации во врска со успехот на ‘нулта одделението’ (подготвителни паралелки) на предучилишно ниво во зголемувањето на бројот на ромски деца кои посетувале регуларни училишта. Меѓутоа тие ја изразија својата загриженост околу новиот тренд за одржување на системот на сегрегирано образование во нова форма – ова вклучувало специјални часови во регуларните училишта. Во врска со ова низа засегнати актери биле загрижени дека предложениот нов Закон за училишта креирал можност за уште поголемо издвојување на Ромите преку воведување на нова категорија на специјални програми за „социјално загрозените“.
Конечно, ЕКРН забележува дека и покрај иницијативите на Министерството за образование (наставници асистенти, програми за обука на наставниците, ревидирање на наставниот план за основно образование), проблемот со ниското ниво на учество на Ромите во средното и високо образование кое било опишано од ЕКРН во нивниот извештај продолжил да постои.
Ф. Рамковна конвенција за заштита на националните малцинства
1. Извештајот поднесен од Република Чешка на 1 април 1999 г. согласно членот 25 § 1 од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства
66. Извештајот изнел дека владата усвоила мерки во образовната сфера кои биле фокусирани на обезбедување на соодветните услови особено за децата од социјално и културно загрозените средини, и пред сè ромската заедница, со отворање на подготвителни паралелки во основните и специјалните училишта. Било забележано дека „ромските деца со просечна или натпросечна интелигенција честопати биле сместувани во такви училишта врз основа на резултати од психолошки тестови (ова се случувало секогаш со согласност на родителите). Овие тестови честопати го земале во предвид мнозинското население, а не ги земале специфичните одлики на Ромите. Се работи на преработка на овие тестови“. Во некои специјални училишта ромските ученици опфаќале меѓу 80% и 90% од вкупниот број на ученици.
2. Извештајот поднесен од Република Чешка на 2 јули 2004 г.
67. Република Чешка прифатила дека Ромите биле особено изложени на дискриминација и социјално исклучување и рече дека се подготвува да воведе сеопфатни анти-дискриминирачки алатки со спроведување на Директивата на Советот со која се имплементира принципот на еднаков третман. Новиот закон требало да стапи на сила во 2004 г. (Законот бр. 561/2004 бил усвоен на 24 септември 2004 г. и стапил на сила на 1 јануари 2005 г.).
На полето на образованието на Ромите, во извештајот се вели дека државата презема различни мерки на афирмативно дејствување за радикално да се смени актуелната ситуација со ромските деца. Владата ја сметаше праксата на упатување на голем број на ромски деца во специјалните училишта за неодржлива. Потребата од афирмативно делување се должела не само на социјално-културниот хендикеп на ромските деца, туку исто така и на природата на целиот образовен систем и неговата неможност во доволна мерка да ги отслика културните разлики. Предложениот нов Закон за училиштата би донел промени во системот на социјално образование со трансформирање на „специјалните училишта“ во „специјални основни училишта“ со што на децата им се дава таргетирана помош во надминувањето на нивниот социо-културен хендикеп. Ова вклучувало подготвителни паралелки, поединечни студиски програми за децата во специјалните училишта, мерки во врска со предучилишното образование, проширена улога за асистентите од ромската заедница и специјализирани програми за обука на наставниците. Со оглед дека за еден од главните проблеми со кои се соочени учениците Роми се сметало нивното слабо владеење на чешкиот јазик, Министерството за образование сметале дека најдоброто решение (и единственото реално) би било да се обезбедат подготвителни паралелки во предучилишната фаза за децата кои потекнуваат од посиромашни општествено-културни средини.
Извештајот исто така цитирал низа проекти и програми коишто биле имплементирани на национално ниво во оваа сфера (Поддршка за интеграција на Ромите, Програма за интеграција на Ромите/Реформа за мултикултурно образование, и Реинтеграција на учениците Роми од специјалните училишта во основните училишта).
3. Мислење за Република Чешка на Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, објавено на 25 јануари 2002 г.
68. Советодавниот комитет забележал дека иако специјалните училишта биле креирани за ментално хендикепирани деца сепак се чинело дека многу ромски деца кои не биле ментално хендикепирани биле сместени во овие училишта заради реални или перцепирани јазични и културни разлики меѓу Ромите и мнозинското население. Тој сметал дека оваа пракса не била компатибилна со Рамковната конвенција и нагласил дека сместувањето на децата во такви училишта требало да се случи само кога тоа било апсолутно неопходно и секогаш врз основа на конзистентни, објективни и сеопфатни тестови.
69. Специјалните училишта водат кон високо ниво на раздвојување на ромските ученици од останатите и на ниско ниво на образовни вештини во ромската заедница. Ова беше препознаено од чешките власти. И владините и актерите на граѓанското општество се согласиле за потребата од големи реформи. Меѓутоа постоело несогласување за прецизната природа на реформата која требала да се спроведе, износот на ресурси кои требале да бидат достапни и брзината со која реформите требале да се спроведуваат. Советодавниот комитет сметал дека чешките власти требале да развијат реформа во консултација со засегнатите лица за да се обезбедат еднакви можности за пристап до училишта за ромските деца и еднакви права на регуларно образование во согласност со принципите утврдени од Препораката на Комитетот на министри бр. Р (2000) 4 за образованието на децата Рома/Цигани во Европа.
70. Советодавниот комитет ги забележал со одобрение иницијативите кои биле преземени за да се воспостават т.н. нулта одделенија, кои овозможувале подготовка на ромските деца за основно образование меѓу другото со подобрување на нивното познавање на чешкиот јазик, и ги охрабрил властите овој институт да стане пошироко достапен. Исто така го сметале креирањето на работни места за ромски педагошки советници во училиштата, иницијатива на граѓанското општество за најпозитивен чекор. Советодавниот комитет ги охрабрувал државните власти во нивните напори за обезбедување на пораст и развој на таквите работни места. Дополнителна клучна цел била да се обезбеди многу поголем број на ромски деца да имаат пристап и успешно да завршат средно образование.
4. Мислење на Советодавниот комитет за Република Чешка, објавено на 26 октомври 2005 г.
71. Во своето мислење Советодавниот комитет забележал дека властите биле искрено предадени на подобрувањето на образовната ситуација на децата Роми и се обидувале на различни начини да ја реализираат оваа цел во пракса. Во таа насока забележува дека било премногу рано да се утврди дали ревидираниот образовен систем воведен со новиот Закон за училишта (Законот бр. 561/2004) значително би ја изменил постоечката ситуација со преголемото присуство на децата Роми во специјалните училишта или специјалните паралелки.
72. Советодавниот комитет забележал дека властите посветувале посебно внимание на неоправданото сместување на децата Роми во специјалните училишта. Тестовите и методите што се користеле за оценување на интелектуалната способност на децата при запишување на училиште веќе биле разгледувани во однос на тоа да се обезбеди тие да не бидат искористени на штета на ромските деца. Специјалните образовни програми биле лансирани за да им се помогне на ромските деца да ги надминат своите проблеми. Тие вклучувале ослободување од плаќање на давачките во последната година од предучилишното образование, релаксирање на правилата за минимум големина на паралелките, поиндивидуализирано образование, назначување на образовни асистенти (главно Роми) како и изработка на методолошки прирачници и насоки за наставници кои работеле со децата Роми. Подготвителни предучилишни паралелки исто така биле организирани за децата Роми и добро функционирале иако во битно ограничени размери. За да ги сместат сите засегнати деца овие мерки морале да се применуваат многу пошироко. Советодавниот комитет исто така ја забележал специјалната програма за поддршка за пристап на Ромите до средно и високо образование и напорите кои биле направени за градење на мрежа на квалификувани наставници Роми и образовни асистенти.
73. Меѓутоа Советодавниот комитет забележал дека иако постојаниот мониторинг и проценка на состојбата со училиштата за ромските деца биле еден од владините приоритети релевантниот извештај поднесен од Република Чешка малку кажувал за размерот во кој тие во моментот биле интегрирани во училиштата, или делотворноста и влијанието на многуте мерки кои биле преземени за нив. Тој забележал со загриженост дека мерките донеле неколку подобрувања и дека локалните власти не ја спроведувале шемата за поддршка на училиштата на владата и не секогаш ја имале потребната решителност да делуваат делотворно на ова поле.
74. Советодавниот комитет забележал со загриженост дека, според невладините извори, значителен број на деца Роми сè уште биле сместувани во специјални училишта на многу рана возраст и дека ревидирањето на психолошките тестови што се користеле во овој контекст немале некакво битно влијание. Според неофицијалните проценки, на Ромите отпаѓале до 70% од учениците во овие училишта и ова – со оглед на процентот на Роми во населението – ги зголемувало сомнежите во врска со валидноста на тестовите и методологијата што ја следеле. Ваквата ситуација станала уште повознемирувачка од фактот дека им отежнала на децата Роми да добијат пристап до другите нивоа на образование, со што се намалиле нивните шанси за интегрирање во општеството. Иако законодавството повеќе не ги спречувало децата да напредуваат од специјалните во обичните средни училишта, нивото на образование понудено од специјалните училишта генерално не им овозможувало да ги исполнат условите на средните училишта, како резултат на што повеќето го напуштале системот. Иако проценките за бројот на ромски деца кои останувале надвор од школскиот систем варирал, оние што оделе на училиште ретко напредувале после основното училиште.
75. Покрај тоа Советодавниот комитет забележал дека и покрај иницијативата преземена од Министерството за образование за подигање на свеста многу од ромските деца кои посетувале регуларни училишта биле изолирани од другите деца и од наставниот персонал, па дури и сместувани во посебни паралелки. Истовремено било согледано дека во истите училишта ромските деца биле најголемата група на ученици просто затоа што засегнатите училишта биле лоцирани во близина на местата каде Ромите живееле компактно. Според други извори материјалните услови во некои од училиштата кои ги посетувале биле несигурни, а наставата што ја добивале и понатаму во повеќето случаи била недоволно прилагодена на нивната ситуација. Било важно да се обезбеди и овие училишта да нудат квалитетно образование.
76. Според Советодавниот комитет приоритет се давало на сместување на ромските деца во регуларните училишта поддржувајќи и промовирајќи подготвителни паралелки, како и образовни асистенти. Регрутирањето на Роми како наставен кадар и запознавањето на образовниот персонал со специфичната ситуација на ромските деца исто така требало да добие поголемо внимание. Активна вклученост на родителите, особено што се однесува до примената на новиот Закон за училишта исто така требала да се промовира како услов sine qua non заради целосно подобрување на образовната состојба на Ромите. И за крај имало потреба од порешително дејствување во борбата против изолирањето на ромските деца како во регуларните така и во специјалните училишта. Појасен пристап проследен со упатства и итно делување на сите нивоа биле неопходни за да се стави крај на неоправданото сместување на овие деца во специјалните училишта дизајнирани за деца со ментален хендикеп. Делотворни мерки за следење, особено дизајнирани за елиминирање на непотребното сместување на децата во такви училишта, требале да бидат еден од постојаните приоритети на властите.
Д. Комесар за човекови права
Конечен извештај на г-динот Алваро Гил-Роблес за состојбата со човековите права на Ромите, Синтите и Чергарите во Европа (со датум од 15 февруари 2006 г.)
77. Во третиот дел од извештајот кој се однесува на дискриминацијата во образованието, Комесарот за човекови права забележал дека фактот дека значителен број на деца Роми немале пристап до образование од сличен стандард како она на другите деца било делумно резултат на дискриминирачките практики и предрасуди. Во таа насока тој забележал дека сегрегацијата во образованието била заедничка одлика на многу земји членки на Советот на Европа. Во некои земји имало сегрегирани училишта во сегрегирани населби, во други специјални паралелки за ромските деца во регуларните училишта или очигледна доминација на ромските деца во паралелките за деца со посебни потреби. Ромските деца често се сместувале во одделенија за деца со посебни потреби без соодветна психолошка или педагошка проценка, при што реалниот критериум бил нивното етничко потекло. Нивното сместување во специјални училишта или паралелки честопати значело дека овие деца следеле наставен план кој бил послаб од оној во регуларните училишта, со што се намалувале нивните шанси за понатамошно образование и да најдат работа во иднина. Автоматското сместување на ромските деца во паралелки за деца со посебни потреби најверојатно ќе ја зголемела стигмата од етикетирање на ромските деца како помалку интелигентни и со помал капацитет. Истовремено, сегрегираното образование ги лишувало и ромските и неромските деца од шансата да се запознаат и да научат да живеат како еднакви граѓани. Тоа ги исклучувало ромските деца од главните текови на општеството од самиот почеток на нивните животи, зголемувајќи го ризикот од тоа да се најдат вклештени во маѓепсаниот круг на маргинализацијата.
78. На комесарот му било кажано дека во Република Чешка младите членови на ромската/циганската заедница драстично доминирале во „специјалните“ училишта и паралелките за деца со мали ментални пречки. Истовремено тој забележал дека властите вовеле наставници-асистенти Роми во регуларните паралелки и формирале прелиминарни паралелки и дека овие иницијативи давале резултати што ветувале, иако само во мали размери заради недостатокот на соодветни ресурси. Подготвителните паралелки за социјално загрозените деца биле особено во фокусот во напорите за надминување на претераната застапеност на ромските деца во специјалните училишта. Чешките власти сметале дека подготвителните училиште кои биле дел од градинките биле особено успешни во олеснувањето на интеграцијата на ромските деца во регуларните училишта. Во 2004 г. Република Чешка исто така имала 332 наставници-асистенти кои се грижеле за потребите на ромските деца.
79. Било забележано дека специјалните паралелки или специјалните наставни планови за Ромите биле воведени со добра намера, за потребите на надминување на јазичните бариери или поправање на проблемот со малата посетеност на предучилишните установи од страна на ромските деца. Очигледно било неопходно да се одговори на таквите предизвици, но сегрегацијата или сместувањето на ромските деца во паралелки кои следеле поедноставен или посебен наставен план на ромски јазик при што биле изолирани од други ученици било јасно погрешен одговор. Наместо сегрегација, значителен акцент морало да се стави на мерки како што се предучилишната и училишната образовна и лингвистичка поддршка како и обезбедувањето на училишни асистенти за да работат напоредно со наставниците. Во одредени заедници било клучно да се подигне свесноста на ромските родители, кои и самите можеби немале можност да посетуваат училиште, за потребата и бенефициите на адекватното образование на нивните деца.
80. Како заклучок комесарот даде низа препораки во врска со образованието. Онаму каде и понатаму постоело сегрегирано образование во една или друга форма истото морало да биде заменето со редовно интегрирано образование и, кога ако е можно, забрането преку законодавството. Соодветни ресурси морале да се стават на располагање за обезбедување на предучилишно образование, изучување на јазик и обука на училишните асистенти со цел да се обезбеди успех во напорите за десегрегација. Соодветна проценка морало да се направи пред децата да бидат сместени во специјални паралелки, за да се обезбеди единствениот критериум за сместување да бидат објективните потреби на детето, а не неговото етничко потекло.
IV. РЕЛЕВАНТНО ПРАВО И ПРАКСА НА ЗАЕДНИЦАТА
81. Принципот со кој се забранува дискриминација или се бара еднаквост во постапувањето е добро воспоставен кај голем дел од законските инструменти на Заедницата заснован на членот 13 од Договорот со кој се формира Европската Заедница. Оваа одредба му овозможува на Советот преку едногласна одлука по предлог/препорака на Комисијата и консултации на Европскиот Парламент да се преземат мерките потребни за борба против дискриминацијата заснована на пол, раса или етничко потекло, религија или верување, хендикеп, возраст или сексуална ориентација.
82. Оттука членот 2 § 2 од Директивата на Советот 97/80/EЗ од 15 декември 1997 г. за товарот на докажување во случаи на дискриминација засновани на полот уредува дека „посредната дискриминација постои кога начелно неутрална одредба, критериум или пракса во многу поголема мерка ги обесправува членовите на еден пол, освен ако одредбата, критериумот или праксата е соодветна и неопходна и може да биде оправдана од објективни фактори неповрзани со полот“. Членот 4 § 1 кој се однесува на товарот на докажување вели: „Земјите-членки да ги преземат потребните мерки, во согласност со нивните национални судски системи за да се им се овозможи на лицата кои сметаат дека им било згрешено бидејќи принципот на еднаков третман не бил применет за нив, да утврдат пред суд или друго надлежно тело факти од кои може да се претпостави дека имало посредна или непосредна дискриминација, а тужената страна ќе треба да докаже дека немало повреда на принципот на еднаков третман.“
83. Слично на тоа целта на Директивите на Советот 2000/43/EЗ од 29 јуни 2000 г. за примена на принципот на еднаков третман на лицата без разлика на расното или етничко потекло и 2000/78/EЗ од 27 ноември 2000 г. за утврдување на општата рамка за еднаков третман при вработувањето и во однос на професијата е да се забранат во нивната сфера сите непосредни или посредни дискриминации врз основа на расата, етничкото потекло, религијата или верата, хендикеп, возраст или сексуална ориентација. Преамбулите на овие директиви го велат следново: „Проценување на фактите од кои може да се заклучи дека имало посредна или непосредна дискриминација е прашање за националните судски или други надлежни тела, во согласност со правилата на националното право и пракса. Таквите правила можат да уредат, особено што се однесува до посредната дискриминација истата да биде утврдена на секаков начин вклучително и врз основа на статистичките докази“ а „Правилата за товарот на докажување мора да се прилагодат кога постои prima facie случај на дискриминација, а за принципот на еднаков третман да се примени делотворно товарот на докажување мора да се префрли назад на тужениот кога ќе се изнесат докази за таква дискриминација.“
84. Конкретно Директивата 2000/43/EЗ го уредува следново:
Член 2
Концептот на дискриминација
„1. За целите на оваа Директива, принципот на еднаков третман означува дека не треба да има било посредна или непосредна дискриминација врз основа на расата или етничкото потекло.
2. За целите на став 1:
(а) непосредна дискриминација се смета дека се случила кога едно лице се третира понеповолно во однос на друго, било или би било третирано на таков начин во слична ситуација заради неговата раса или етничкото потекло;
(б) посредна дискриминација се смета дека се случила кога една на прв поглед неутрална одредба, критериум или практика, ставила лица од одредена раса или етничка група во неповолна положба во однос на другите лица, освен доколку таа одредба, критериум или пракса се објективно оправдани со легитимна цел и средствата за постигнување на таа цел се соодветни и неопходни.
...”
Член 8
Товар на докажување
„1. Земјите членки ќе преземат такви мерки какви што се потребни, во согласност со нивните национални судски системи за да се обезбеди дека кога лицата кои сметаат дека биле повредени бидејќи принципот на еднаков третман не бил применет за нив пред суд или друго надлежно тело ќе претстават факти од кои може да се претпостави дека имало посредна или непосредна дискриминација тужената страна ќе треба да докаже дека немало повреда на принципот на еднаков третман.
2. Ставот 1 не ги спречува земјите-членки да воведуваат правила за изведување докази кои се поповолни за тужителите.
3. Ставот 1 не се применува за кривични постапки.
...
5. Земјите-членки не мораат да го применуваат ставот 1 за постапки во кои судот или надлежниот орган треба да ги истражи фактите за случајот.“
85. Согласно судската пракса на Судот на правдата на Европските заедници (СПЕЗ), дискриминацијата, која бара примена на различни правила за слични ситуации или примена на истото правило во различни ситуации може да биде отворена или прикриена и посредна или непосредна.
86. Во својата пресуда во случајот Џовани Мариа Бундеспост (Giovanni Maria Sotgiu v. Deutsche Bundespost judgment of 12 February 1974 (Case 152-73, point 11)), СПЕЗ вели:
„Правилата во врска со еднаквоста на третманот ... забрануваат не само отворена дискриминација заради националноста туку исто така и сите прикриени форми на дискриминација кои, со примената на други критериуми на правење разлика, водат всушност кон истиот резултат.
...”
87. Во својата пресуда во случајот Билка-Кауфхаус ГмбХ против Карин Вебер фон Харц (Bilka-Kaufhaus GmbH v. Karin Weber von Hartz judgment of 13 May 1986 (Case 170/84, point 31)) тој вели:
“... Членот 119 од Договорот на ЕЕЗ е прекршен од стоковна куќа која ги исклучува своите вработени со половина работно време од својата шема за професионално пензиско осигурување, при што исклучувањето влијае на многу поголем број на жени отколку мажи, освен доколку мерката не покаже дека исклучувањето е засновани на објективно оправдани фактори кои немаат врска со никаква дискриминација по основ на пол.“
88. Во случајот Регина против државниот секретар за вработување ex parte Никол Сејмур-Смит и Лора Перез (Regina v. Secretary of State for Employment, ex parte Nicole Seymour-Smith and Laura Perez (judgment of 9 February 1999, Case C‑167/97, points 51, 57, 62, 65 and 77)), СПЕЗ забележува:
„... националниот суд бара да се утврди дали законскиот тест за утврдување дали мерката што е усвоена од страна на земјата членка има различни последици по мажите и жените до толкав степен за да достигне посредна дискриминација. ...
...
... Комисијата предлага ‘статистички значаен’ тест при што статистичките податоци мора да формираат соодветна база за соработка и националниот суд мора да обезбеди тие да не се искривени од фактори кои се специфични за случајот. Постоењето на статистички значаен доказ е доволно за да се утврди несразмерно влијание и префрлање на товарот на авторот на наводно дискриминирачката мерка.
...
Исто така националниот суд треба да процени дали статистичките податоци што се однесуваат на состојбата ... се валидни и можат да се земат во предвид, односно, дали тие опфаќаат доволно поединци, дали тие илустрираат чисто случајни или краткорочни појави, и дали генерално се чини дека се важни (види Case C-127/92 Enderby [1993] ECR I-5535, paragraph 17). ...
...
Соодветно на тоа, ... за да се утврди дали една мерка усвоена од страна на земјата-членка има различен ефект кај мажите и жените до толкав степен за да достигне ниво на посредна дискриминација согласно членот 119 од Договорот, националниот суд мора да потврди дали достапните статистички податоци покажуваат дека значително помал процент на жени отколку мажи можат да го исполнат условот наметнат со таа мерка. Доколку е таков случајот, постои посредна дискриминација по пол, освен ако таа мерка не е оправдана со објективни фактори неповрзани со никаква дискриминација заснована на пол.
...
... доколку значително помал процент на жени отколку мажи можат да го исполнат условот ... наметнат од оспореното правило, земјата-членка како автор на наводно дискриминирачкото правило треба да покаже дека споменатото правило ја отсликува легитимната цел на својата социјална политика, дека таа цел нема врска со никаква дискриминација заснована на пол, и дека може разумно да се смета дека избраните средства одговарале за остварување на целта.“
89. Во својата пресуда од 23 октомври 2003 во случајот Хилде Шонхајт против градот Франкфурт на Мајна (Hilde Schönheit v. Stadt Frankfurt am Main (Case C-4/02)) и Сливиа Бекер оритив Ланд Хесен (Silvia Becker v. Land Hessen (Case C-5/02)) СПЕЗ во точките 67-69 и 71 забележува:
„... мора да се има на ум дека членот 119 од Договорот и членот 141(1) и (2) ЕЗ го поставуваат принципот дека мажите и жените треба да примаат еднаква плата за еднаква работа. Тој принцип исклучува не само примена на одредби кои водат кон непосредна дискриминација, туку исто така и примена на одредби кои одржуваат различен третман меѓу мажите и жените на работа како резултат на примената на критериуми кои не се засноваат на пол при што тие разлики во третманот не можат да се препишат на објективни фактори неповрзани со половата дискриминација.
Заеднички основ е дека одредбите од БеамтВГ кои се во прашање не вклучуваат дискриминација која е директно заснована на пол. Затоа е неопходно да се утврди дали тие можат да достигнат посредна дискриминација ...
За да се утврди дали е тоа посредна дискриминација неопходно е да се утврди дали одредбите во прашање имаат повеќе неповолни последици по жените отколку по мажите ...
...
Затоа е неопходно да се утврди дали статистичките податоци кои се достапни укажуваат дека значително повисок процент на жени отколку мажи се погодени од одредбите на БеамтВГ кои бараат намалување на пензиите на државните службеници кои работеле со пола работно време барем во дел од својот работен стаж. Таквата состојба би претставувала доказ за очигледна дискриминација по основ на пол освен ако одредбите во прашање не се оправдани од објективни фактори неповрзани со никаква дискриминација заснована на пол.“
90. Во случајот Алонби против Акрингтон и Росендејл колеџот, Наставните служби ... и државниот секретар за образование и вработување (Allonby v. Accrington & Rossendale College, Education Lecturing Services ... and Secretary of State for Education and Employment (пресудата од 13 јануари 2004, Case C-256/01)), вели (точка 81):
„... мора да се одлучи дека една жена може да се потпира на статистичките податоци за да покаже дека една клаузула во државното законодавство е спротивна на членот 141(1) EЗ бидејќи таа ги дискриминира жените работнички. ...”
91. И на крај во случајот на Комисијата на европските заедници против Република Австрија (Commission of the European Communities v. Republic of Austria (judgment of 7 July 2005, Case C-147/03)), СПЕЗ забележува (точките 41 и 46-48):
„Според утврдената судска пракса принципот на еднакво постапување забранува не само отворена дискриминација заснована на националност туку исто така и сите прикриени форми на дискриминација кои, со примена на други критериуми за правење разлика, водат всушност кон истиот резултат (види, особено, Case 152/73 Sotgiu [1974] ECR 153, paragraph 11; Case C-65/03 Commission v. Belgium, cited above, paragraph 28; and Case C-209/03 Bidar [2005] ECR [I-02119], paragraph 51).
...
... законскиот акт во прашање ги става носителите на дипломи за средно образование доделени во друга земја-членка која не е Република Австрија во неповолна ситуација со оглед дека тие не можат да добијат пристап до високо образование под истите услови како и носителите на еквивалентна австриска диплома.
Оттука, иако ставот ... се применува без да се прави разлика за сите, поголема е веројатноста дека ќе има повеќе последици по државјаните на други земји-членки отколку по австриските државјани и затоа разликата во третманот што е воведена со таа одредба резултира со посредна дискриминација.
Последователно, различниот третман што е во прашање може да се оправда само доколку тој се заснова на објективни размислувања независно од државјанството на засегнатите лица и дали бил сразмерен на легитимната цел на националните одредби (Case C-274/96 Bickel and Franz [1998] ECR I-7637, paragraph 27, and D’Hoop, cited above, paragraph 36).“
V. РЕЛЕВАНТНИ МАТЕРИЈАЛИ ОД ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ
А. Меѓународниот пакт за граѓански и политички права
92. Членот 26 од Пактот уредува:
„Сите лица се еднакви пред законот и имаат право без никакво дискриминирање на еднаква заштита од законот. Во оваа насока законите ќе забранат секаква дискриминација и ќе им гарантираат на сите лица еднаква и делотворна заштита од дискриминација по било кој основ како што се расата, бојата, полот, јазикот, верата, политичкото и друго убедување, национално или социјално потекло, имот, статус по раѓање или друг статус.“
Б. Комитетот за човекови права на Обединетите нации
93. Во точките 7 и 12 од својот Општ коментар бр. 18 од 10 ноември 1989 за недискриминација Комитетот го изрази следново мислење:
„.. Комитетот верува дека терминот ‘дискриминација’ како што се користи во Пактот треба да се сфати дека се однесува на секакво правење на разлика, исклучување, ограничување или претпочитање кое се заснова на некаков основ како што е раса, боја пол, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, имот, статус по раѓање или друг статус, и кој има за цел или последица поништување или намалување на признавањето, уживањето или остварувањето од страна на сите лица на еднаква позиција на сите права и слободи.
...
... кога се усвојува законски акт од страна на држава потписничка таа мора да се придржува на условот од членот 26 дека неговата содржина не смее да биде дискриминирачка ...“
94. Во точката 11.7 од своите Гледишта со датум од 31 јули 1995 г. во врска со Дописот бр. 516/1992 за Република Чешка Комитетот забележал:
“... Меѓутоа Комитетот смета дека намерата на законодавецот не е изолиран диспозитив во утврдувањето на повреда на членот 26 од Пактот. Политички мотивирано правење на разлика тешко дека ќе е компатибилно со членот 26. Меѓутоа и акт кој не е политички мотивиран и понатаму може да претставува повреда на членот 26 доколку последиците од истиот се дискриминирачки.“
В. Меѓународната конвенција за елиминирање на сите форми на расна дискриминација
95. Членот 1 од оваа Конвенцијата уредува:
„... терминот ‘расна дискриминација’ ќе значи секакво правење на разлика, исклучување, ограничување или претпочитање засновано на раса, боја, потекло или национално или етничко потекло кои имаат за цел или последица поништување или намалување на признавањето, уживањето или остварувањето на еднаква основа на човековите права и основни слободи во политичкото, економското, социјалното, културното или некое друго поле од јавниот живот.
...”
Г. Комитетот за елиминирање на расната дискриминација
96. Во својата Општа препорака бр. 14 од 22 март 1993 г. за дефиницијата на дискриминацијата, Комитетот забележал, меѓу другото:
„1. ... Разлика е спротивна на Конвенцијата доколку има било за цел или како последица намалување на одредени права и слободи. Ова е потврдено од обврската која им е наметната на земјите потписнички со членот 2 став 1(в) за поништување на секој закон или практика која како последица има креирање или зацврстување на расна дискриминација
2. ...Во обидот да се утврди дали активноста има ефект спротивен на Конвенцијата [Комитетот] ќе се обиде да види дали таа активност има неоправдано очајно влијание врз група која се разликува по раса, боја, потекло или национално или етничко потекло.
...”
97. Во својата Општа препорака бр. 19 од 18 август 1995 г. за расната сегрегација и апартхејд Комитетот забележал:
“3. ... иако условите на целосна или делумна расна сегрегација може во некои земји да бидат креирани од владините политики, услов за делумна сегрегација исто така може да произлезе како ненамерен нуспроизвод од дејствија на физички лица. Во многу градови распореденоста на жителите по населбите е под влијанието на разликите на групата во однос на приходите, кои по некогаш се комбинирани со разликите во однос на расата, бојата, потеклото или националното или етничко потекло, така што жителите може да бидат стигматизирани и поединци да страдаат од дискриминација во која расните основи се измешани со други.
4. Затоа Комитетот потврдува дека условот за расна сегрегација исто така може да се појави без никаква иницијатива или директна инволвираност од страна на јавните власти. ...”
98. Во Општата препорака бр. 27 од 16 август 2000 г. за дискриминацијата на Ромите, Комитетот меѓу другото ја даде следнава препорака во сферата на образованието:
„17. Да се поддржи вклучувањето на сите деца со ромско потекло во школскиот систем за да се делува во насока на намалување на стапката на напуштање на училиштето особено од страна на ромските девојчиња, и заради овие цели да се соработува активно со родителите Роми, ромските здруженија и локално заедници.
18. Да се спречи или избегне во рамките на можностите сегрегација на ромските студенти кога се држи отворена можноста за двојазична или повеќејазична настава; за оваа цел, да се направи напор да се подигне квалитетот на образованието во сите училишта и нивото на постигнувања во училиштата од страна на малцинската заедница, да се регрутира персонал за училиштата од редовите на ромските заедници и да се промовира интеркултурно образование.
19. Да се размисли за усвојување на мерки на полето на образованието кои им се наклонети на ромските деца, а во соработка со нивните родители.“
99. Во своите заклучни забелешки од 30 март 1998 г. откако го разгледале извештајот поднесен од Република Чешка, Комитетот забележал, меѓу другото:
„13. Со загриженост се забележува маргинализација на ромската заедница на полето на образованието. Докази дека несразмерно голем број на ромски деца се сместени во специјални училишта што води кон de facto расна сегрегација, и дека тие исто така имаат значително пониско ниво на учество во средното и високото образование, наметнуваат сомнеж за тоа дали членот 5 од Конвенцијата е целосно применет.“
Д. Конвенцијата за правата на детето
100. Членовите 28 и 30 од Конвенцијата уредуваат:
Член 28
„1. Државите членки му го признаваат правото на детето на образование и поради постепено остварување на ова право врз основа на еднакви можности, посебно:
(а) Го прогласуваат основното образование за задолжително и бесплатно за сите;
(б) Го поттикнуваат развојот на различните облици средношколско образование, вклучувајќи го општото и стручното образование кое им е достапно на сите деца, и преземаат соодветни мерки, како што се воведувањето и давањето финансиска помош во случај на потреба;
(в) На сите да им овозможуваат добивање на високо образование врз основа на способностите користејќи погодни средства;
(г) На сите деца да им ги ставаат на располагање образовните и стручните информации и услугите за професионална ориентација;
(д) Да преземаат мерки за поттикнување на редовното посетување на училиштата и за намалување на испишувањето од училиштата.
2. Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки дисциплината во училиштата да може да се спроведува на начин кој е во согласност со човечкото достоинство и со оваа Конвенција.
3. Државите членки ја унапредуваат и ја поттикнуваат меѓународната соработка за прашањата кои се однесуваат на образованието особено поради придонесот во елиминирањето на незнаењето и неписменоста во светот и олеснувањето на пристап кон науката, техничкото знаење и современите методи на наставата. Во тој поглед особено внимание им се посветува на потребите на земјите во развој.“
Член 30
„Во оние држави во кои постојат етнички, верски или јазични малцинства или лица од автохтоно потекло, детето кое му припаѓа на таквото малцинство или е од автохтоно потекло не смее да биде лишено, во заедница со другите припадници на групата, од правото на својата култура, сопствената вероисповед и вршењето на верските обреди или на употребата на својот јазик.“
Ѓ. УНЕСКО
101. Членовите 1 до 3 од Конвенцијата против дискриминација во образованието од 14 декември 1960 г. уредува:
Член 1
„1. За потребите на оваа Конвенција изразот ,,дискриминација“ го опфаќа секое разликување, исклучување, ограничување или предност засновани врз раса, боја на кожа, пол, јазик, вера, политичко или секое друго убедување, општествено или национално потекло, економска положба или раѓање, кои имаат за цел или последица уништување или нарушување на еднаквото постапување во областа на просветата, и особено:
(а) лишување на пристап на некое лице или група до разните типови или степени на образование;
(б) ограничување на образованието за некое лице или група со понизок стандард;
(в) воведување или одржување на одвоени просветни системи или установи за поединци или групи предмет на одредбите од членот 2 на оваа Конвенција; или
(г) ставање на некое лице или група во положба неспоива со достоинството на човекот.
...”
Член 2
„Следните случаи не се сметаат за дискриминација во смисла на првиот член на оваа Конвенција, ако е допуштено во државата:
(а) создавање или одржување на одвоени школски системи или установи за ученици од различен пол, ако тие системи или установи обезбедуваат еднаков пристап до образование, ако наставниот персонал има иста стручност и ако имаат исти школски простории и опрема од ист квалитет и ако допуштаат спроведување на исти или еднакви наставни програми;
(б) создавање или одржување, поради вера или јазик, на одвоени системи или установи за образование по избор на родителите или законските старатели на учениците, ако вклучувањето во тие системи или установи е доброволно и ако образованието е во согласност со нормите кои можат да бидат пропишани или одобрени од надлежните власти, особено за образование од ист степен;
(в) создавање или одржување на приватни образовни установи, ако целта им е да овозможат неисклучување на ниедна група туку зголемување на можностите за образование покрај оние што ги нудат јавните власти, ако наставата се спроведува е во согласност со таа цел и ако понуденото образование е во согласност со стандардите кои можат да бидат пропишани или одобрени од надлежните власти, особено за образование од ист степен.“
Член 3
„Со цел за елиминирање и спречување на секоја дискриминација во смисла на оваа Конвенција, државите членки се обврзуваат:
(а) да ги укинат сите законски одредби и административни упатства и да ја прекинат секоја управна практика која допушта дискриминација во областа на образованието;
(б) да преземат потребни мерки, по потреба законодавни, за да не се спроведува никаква дискриминација при приемот на учениците во образовните институции;
...”
102. Декларацијата за расата и расните предрасуди усвоена на Генералната конференција на УНЕСКО на 27 ноември 1978 г. го прогласува следново:
Член 1
„1. Сите човечки суштества му припаѓаат на ист вид и имаат заедничко потекло. Тие се родени еднакви во достоинството и правата и сите формираат интегрален дел од човештвото.
2. Сите поединци и групи имаат право да бидат различни, да се сметаат себеси за различни и да бидат сметани за такви. Меѓутоа, разновидноста на животни стилови и правото да се биде различен во никакви околности не може да послужи како изговор за расни предрасуди; тие не можат да оправдаат ниту по закон ниту по факт никаква дискриминирачка практика, ниту да обезбедат основ за политика на апартхејд, што претставува екстремна форма на расизам.
...”
Член 2
“...
2. Расизмот вклучува расистички идеологии, предрасуди, дискриминирачко однесување, структурални договори и институционализирани практики кои резултираат со расна нееднаквост како и погрешен впечаток дека дискриминирачките односи меѓу групите можат морално и научно да се оправдаат; тоа е отсликано во дискриминирачките одредби во законот или регулативите и дискриминирачките пракси како и во анти-социјалните убедувања и дејствувања; тој попречува развој на своите жртви, ги изопачува оние кои го применуваат, ги дели нациите внатрешно, пречи во меѓународната соработка и ги крева политичките тензии меѓу луѓето; спротивен е на основните принципи на меѓународното право и, последователно сериозно го нарушува меѓународниот мир и безбедност.
3. Расните предрасуди кои историски се поврзани со нееднаквостите по моќта, зајакнати од економските и социјалните разлики меѓу поединци и групи и кои сè уште дури и денес се обидуваат да ги оправдаат таквите нееднаквости, апсолутно немаат никакво оправување.
Член 3
„Секаква разлика, исклучување, ограничување и претпочитање засновано на раса, боја, етничко или национално потекло или религиозна нетрпеливост мотивирани од расистички размислувања, кои ја уништуваат или компромитираат суверената еднаквост на државите и правото на луѓето на самоопределување, или кои го ограничуваат на своеволен или дискриминирачки начин правото на секое човечко суштество и група на целосен развој не е компатибилно со барањата на меѓународниот поредок којшто е правичен и гарантира почитување на човековите права; правото на целосен развој значи еднаков пристап до средствата за лично и колективно напредување и исполнување во клима на почитување на вредностите на цивилизациите и културите, како на национално така и на светско ниво.“
Член 5
„1. Културата, како производ на сите човечки суштества и заедничко наследство на човечкиот вид, и образованието во своето најшироко значење им нудат на мажите и жените сè поделотворни средства за прилагодување, со што им се овозможува не само да потврдат дека се родени еднакви по достоинство и права, туку исто така да признаат дека тие треба да го почитуваат правото на сите групи на нивен сопствен културен идентитет и развивање на нивниот дистинктивен културен живот во рамките на националниот и меѓународниот контекст, и при тоа да се сфати дека секоја група има право да одлучи апсолутно слободно за одржувањето и доколку одговара прилагодување или збогатување на вредностите што се сметаат за суштински за нејзиниот идентитет.
2. Државите, во согласност со нивните уставни принципи и процедури, како и сите други надлежни власти и целата наставничка професија имаат одговорност да овозможат образовните ресурси на сите земји да се користат во борбата против расизмот, особено со тоа што ќе обезбедат наставните планови и учебници да вклучуваат научни и етички размислувања во врска со човековото единство и разновидност и да не се прават никакви непријатни дистинкции во однос на некои луѓе; со обука наставниците да ги постигнат овие цели; со тоа што ресурсите на образовниот систем ќе се направат достапни на сите групи од населението без расни ограничувања или дискриминација; и со преземање на соодветни чекори за справување со хендикепите од кои страдаат некои расни или етнички групи заради нивното ниво на образование и стандардот на живеење и особено за да се спречат таквите хендикепи да се пренесат на децата.
...”
Член 6
„1. Државата има примарна одговорност да ги обезбеди човековите права и основни слободи на целосно еднаква основа во однос на достоинството и правата за сите поединци и сите групи.
2. Што се однесува до размерот на надлежностите и усогласеноста со уставните принципи и постапки, државата треба да ги преземе сите соодветни чекори, меѓу другото со законодавството, особено во сферите на образованието, културата и комуникациите, за да се спречи, забрани и искорени расизмот, расистичката пропаганда, расната сегрегација и апартхејдот и да се охрабри ширење на знаење и наоди на соодветно истражување на природните и општествените науки за причините и превенцијата на расните предрасуди и расистичките ставови со соодветен однос кон принципите што се отелотворени во Универзалната декларација за човекови права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.
3. Со оглед дека законите што забрануваат расна дискриминација сами по себе не се доволни, државите исто така се должни да ги надополнат со административна машинерија за систематска истрага на примери на расна дискриминација, со сеопфатна рамка на правни лекови против актите на расна дискриминација преку широко засновани образовни и истражувачки програми дизајнирани за борба против расните предрасуди и расната дискриминација и со програми на позитивни политички, социјални, образовни и културни мерки, пресметани за промовирање на вистинско взаемно почитување меѓу групите. Кога околностите тоа го бараат, треба да се преземат специјални програми за промовирање на напредок на загрозените групи, а во случај на државјани, да се обезбеди нивно делотворно учество во процесите на одлучување на заедницата.“
Член 9
„1. Принципот на еднаквост во достоинството и правата на сите човечки суштества и сите народи, без разлика на расата, бојата и потеклото, е општо прифатен и признат принцип на меѓународното право. Последователно секоја форма на расна дискриминација практикувана од државата претставува повреда на меѓународното право со што се зголемува нејзината меѓународна одговорност.
2. Мора да се преземат посебни мерки за да се обезбеди еднаквост во достоинството и правата на поединците и групите секогаш кога е тоа неопходно, при што се внимава тие да не се такви за да изгледаат расно дискриминирачки. Во оваа насока, посебно внимание треба да се посвети на расните и етничките групи коишто се социјално или економски загрозени, за да им се обезбеди на апсолутно еднаква основа и без дискриминација или ограничување, заштита од законите и прописите и предноста што произлегува од социјалните мерки кои се на сила, особено што се однесува на домувањето, вработувањето и здравството; да се почитува автентичноста на нивната култура и вредности; и да се олесни нивното социјално и професионално напредување, особено преку образование.
...”
VI. ДРУГИ ИЗВОРИ
А. Европски центар за следење на расизмот и ксенофобијата (сега Агенција на Европската унија за основни права)
103. Информациите за образованието во Република Чешка достапни на веб страницата на Европскиот центар за следење го вклучуваат следново.
„Во Република Чешка нема официјални или неофицијални податоци за расизам и дискриминација во образованието.
Најсериозен проблем на чешкиот образовен систем сè уште е сегрегираното сместување на децата од социјално загрозените средини (најчесто Ромите) во специјални училишта. Повеќе од половина од ромските деца учат таму. Таквите тенденции на чешкиот образовен систем особено во основните училишта биле докажани со опсежно истражување спроведено од страна на Институтот за социологија и Академијата на науките на Република Чешка. Само многу мал процент од младите Роми се запишуваат во средно училиште.“
104. Извештајот на Центарот за следење насловен „Ромите и Чергарите во државното образование“, кој бил објавен во мај 2006 г. и се занимавал со она што во тоа време биле дваесет и петте земји членки на Европската унија, забележа меѓу другото дека иако систематската сегрегација на ромските деца повеќе не постоела како образовна политика, сегрегација била применувана од училиштата и образовните власти на низа различни, главно посредни начини, некогаш како непланирана последица од политиките и праксите а понекогаш како резултат на сегрегација според местото на живеење. Училиштата и образовните власти можат на пример да ги сегрегираат учениците по основ на перцепцијата на „нивните различно потреби“ и/или како одговор на прашањата поврзани со однесувањето и проблемите со учењето. Второво исто така можело да води кон често сместување на ромските ученици во специјални училишта за ментално хендикепирани деца, што сè уште е загрижувачка појава кај земјите членки на Европската унија како што се Унгарија, Словачка и Република Чешка. Меѓутоа, чекори се преземаат за разгледување на процедури за тестирање и упатување кои ги земаат во предвид нормите и шемите на однесување како резултат на социјалното и културното потекло на ромските деца.
Б. Домот на лордовите
105. Во својата одлука од 9 декември 2004 г. во случајот на Регина против службеникот за имиграциски прашања на Аеродромот во Прага и друг ex parte Европски центар за правата на Ромите и други (Regina v. Immigration Officer at Prague Airport and another ex parte European Roma Rights Centre and others) Домот на лордовите одлучи дека службениците за имиграциски прашања кои работат на Аеродромот во Прага ги дискриминирале Ромите кои сакале да патуваат од аеродромот за Обединетото Кралство со оглед дека немале расни основи да постапуваат со нив помалку наклонето отколку со други луѓе кои патувале во ист правец.
106. Баронесата Хејл од Ричмонд рекла, меѓу другото:
„73. ... Фундаменталниот концепт во однос на законите за расна и полова дискриминација е дека лицата од сите полови и сите раси имаат право да бидат третирани еднакво. Оттука подеднакво дискриминирачки е да се третираат мажите со помала наклонетост отколку жените како и постапувањето со жените на помалку наклонет начин од мажите; и подеднакво е дискриминирачко да се постапува со белците со помала наклонетост отколку со црнците како и постапувањето со црнците на помалку наклонет начин од белците. Елементите на незаконската дискриминација се (i) разлика во постапувањето меѓу едно и друго лице (вистинско и хипотетичко) од различен пол или расна група; (ii) дека постапувањето е помалку наклонето кон некого; (iii) дека нивните релевантни околности се истите или не се материјално различни; и (iv) дека разликата во постапувањето е по основ на пол и раса. Меѓутоа, бидејќи луѓето ретко ги кажуваат јавно своите предрасуди и може дури и да не се свесни за нив вообичаено треба да биде докажано со заклучок наместо со директни докази. Откако ќе се прикаже постапување помалку наклонето од она на лицето со кое се врши споредба (елементите (i), (ii) и (iii)) судот ќе побара од наводниот дискриминатор објаснување. Објаснувањето секако не смее да биде поврзано со расата или полот на жалителот. Доколку нема или нема задоволувачко објаснување, легитимно е да се заклучи дека помалку наклонетото постапување било по расен основ ...
74. Доколку се прикаже директна дискриминација од ваков вид тоа е тоа. Освен некои многу ограничени исклучоци нема одбрана со објективно оправдување. Целата поента на законот е да се бара од снабдувачите да постапуваат со секое лице како со поединец а не член на група. За поединецот не треба да се смета дека е носител на карактеристики кои снабдувачот ги поврзува со групата, било повеќето членови од групата навистина да ги имаат или немаат тие карактеристики, процес понекогаш означуван како стереотипизирање. ...
75. Жалбата во овој случај е на непосредна дискриминација на Ромите. Областите на посредна дискриминација каде работодавачот или снабдувачот постапува со секого на ист начин, но тој кај сите нив применува барање или услов кој членовите на еден пол или расна група имаат многу помала шанса да го исполнат за разлика од членови на друга: на пример, со тест за кревање на тежок товар мажите најверојатно би имале поголема шанса да го положат отколку жените. Ова е незаконско само доколку барањето е такво што не може да се оправда независно од полот или расата на инволвираните ... Но барањето или условот е тој што може да се оправда, не дискриминацијата. Овој вид на оправдување не треба да се меша со можноста дека можеби постои објективно оправдување за дискриминирачки третман кој во спротивно би го прекршил членот 14 од Европската конвенција за човекови права.
...
90. Вреди да се присетиме дека добра пракса на еднакви можности не доаѓа природно. Многумина ќе мислат дека тоа е спротивно на здравиот разум на сите жалители да им се пристапи со еднакво отворен ум, без разлика на многу добрите причини кои можат да постојат за некои да се посомнителни од други. Но тоа е она што го бара законот кој се обидува да обезбеди поединците да не се ставаат во полоша позиција заради општите карактеристики на групата на која и припаѓаат. Во 2001 г. кога операцијата со која се занимаваме започна, законската регулатива која се занимава со расните односи само што беше проширена за да ги опфати активностите на имиграциската служба. Тешко дека е изненадувачки доколку службениците кои работат под значителен притисок на време имаат проблем да потврдат во однос на сите аспекти на процедурите и очекувањата што работодавците се бореле да ги остварат како што треба повеќе од 25 години.
91. Во овој контекст таквите докази за тоа што се случило на Прашкиот аеродром треба да се оценат. Службениците не забележале ништо во однос на етничкото потекло на луѓето што ги интервјуирале. Тужените затоа не можат да ни обезбедат цифри за тоа колкумина од секоја група биле интервјуирани и колку долго и со каков резултат. Ова, тие сугерираат, разјаснува дека службениците не се држеле до Овластување: Доколку таков бил случајот тие само ќе требале да го забележат своето гледиште за етничката припадност на патникот. Доколку е точно, тоа ќе било доволно за да се оправда одбивањето за заминување. Но она што исто така го покажува е дека никакви официјални чекори не биле преземени за собирање на информации коишто можеле да помогнат оваа операција со висок ризик да не биде спроведена на дискриминирачки начин. Тоа исто така значи дека единствената достапна информација е таа обезбедена од жалителите, и особено ЕЦПР кои се обидувале да ја следат операцијата. Тужените можат да наметнат сомнеж врз веродостојноста на ова, но тие не можат да го оспорат или самите да обезбедат поверодостојни информации. ...”
В. Врховниот суд на САД
107. Врховниот суд ја објавил својата одлука во случајот на Григс против Дјук Пауер Ко. (Griggs v. Duke Power Co., 401 US 424 (1971)), во која го утврдил тестот на различното влијание откако црните работници во една електрана покренале постапки врз основа на тоа дека праксата на нивниот работодавец да бара од нив да имаат диплома од средно училиште или да положат тест за способност дури и за помалку платените работни места било дискриминирачко. Помалку црнци успеале да ја обезбедат дипломата или да ги поминат стандардизираните тестови. Врховниот суд се изјаснил:
„Законот [за граѓански права] [од 1964 г.] бара елиминирање на вештачки, своеволни и непотребни пречки за вработување кои лошо функционираат во насока на дискриминација врз основа на раса и доколку, како овде, праксата на вработување дека оди во насока на исклучување на Црнците не може да се покаже дека е поврзана со извршувањето на работните задачи, тогаш таа е забранета, без разлика на тоа дека работодавецот немал намера да дискриминира. ...
Законот не го исклучува користењето на процедури за тестирање или мерење, но не забранува да им се даде контролна сила освен ако ... тие евидентно претставуваат разумна мерка за извршувањето на работата ...
Законот забранува не само отворена дискриминација туку исто така и практики кои се правични по форма, но дискриминирачки кога се применуваат. Критериумот е деловната неопходност. Доколку праксата на вработување која функционира во насока на исклучување на Црнците не може да се покаже дека е поврзана со извршувањето на работните задачи, практикувањето е забрането.
... Конгресот врз работодавецот го стави товарот да покаже дека секое барање мора да има јасна врска со вработувањето што е во прашање.
ПРАВОТО
I. ОПСЕГОТ НА ЈУРИЗДИКЦИЈАТА НА ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
108. Во своите крајни забелешки кои биле поднесени до Големиот судски совет на 26 декември 2006 г. жалителите го повториле својот аргумент дека имало повреда на нивните права согласно членот 3 и членот 6 § 1 од Конвенцијата.
109. Согласно судската пракса на Судот „случајот“ упатен до Големиот судски совет е жалбата со оглед дека била прогласена за допуштена (види, меѓу другите извори, Leyla Şahin v. Turkey [GC], no. 44774/98, § 128, ECHR 2005-XI, и Üner v. the Netherlands [GC], no. 46410/99, § 41, ECHR 2006‑XII). Големиот судски совет забележува дека во својата делумна одлука од 1 март 2005 г. Судскиот совет ги прогласил за недопуштени сите жалби на жалителите кои не биле поврзани со членот 14 од Конвенцијата земен во врска со членот 2 од Протоколот бр. 1 вклучувајќи ги и оние согласно членот 3 и 6 § 1 од Конвенцијата. Соодветно на тоа вториве жалби – под претпоставка дека жалителите сè уште сакаат да се потпираат на нив – не се во опсегот на случајот пред Големиот судски совет.
II. ПРЕЛИМИНАРЕН ПРИГОВОР НА ВЛАДАТА
110. Судот забележува дека во својата одлука за допуштеност на жалбата прелиминарниот приговор на Владата во своите забелешки од 15 март 2004 г. за неисцрпувањето на домашните правни лекови беше поврзана со основаноста на жалбата согласно членот 14 од Конвенцијата разгледана заедно со членот 2 од Протоколот бр. 1. Во својата пресуда од 7 февруари 2006 (§ 31), Судскиот совет утврди дека во изјаснувањата на странките во врска со прашањето на исцрпеност на домашните правни лекови биле покренати прашања тесно врзани со основаноста на случајот. Тој се согласи со Чешкиот уставен суд дека жалбата покренала прашања од особена важност и дека биле во прашање витални интереси. Соодветно на тоа и со оглед на својот наод дека од други причини кои се однесуваат на основаноста нема повреда, Судскиот совет не сметаше дека е неопходно да испитува дали жалителите го исполниле тој услов во овој случај
111. Ќе се потсетиме дека кога ќе се упати случај до него, Големиот судски совет исто така може да ги разгледа и прашањата поврзани со допуштеноста на жалбата, на пример кога тие ќе се поврзат со основаноста или на друг начин се релевантни во фазата на основаноста (види K. and T. v. Finland [GC], no. 25702/94, § 141, ECHR 2001-VII).
112. Во вакви околности, Големиот судски совет смета дека е неопходно да се утврди дали жалителите во овој случај го имаат задоволено условот за исцрпување на домашните правни лекови.
113. Владата тврдеше дека жалителите не ги користеле сите достапни средства за да ја поправат својата позиција. Никој од нив не го искористиле своето право на жалба против одлуките за нивно упатување во специјални училишта. Шестмина не поднеле уставна жалба. Понатаму, од оние жалители кои се жалеле пред Уставниот суд само петмина всушност ги оспорувале одлуките за нивно сместување во специјални училишта. Никаков обид не бил направен од страна на жалителите за да го одбранат своето достоинство со тоа што би поднеле иницијатива согласно Граѓанскиот законик за заштита на нивните лични права, а нивните родители не се обратиле за проблемот до Школскиот инспекторат или Министерството за образование.
114. Жалителите најпрво се изјаснија дека немало никаков правен лек достапен во Република Чешка кој бил делотворен и адекватен за да може да се справат со расната дискриминација во образовната сфера. Поконкретно, правото на поднесување на уставната жалба станало неделотворно заради размислувањето што го следел Уставниот суд во овој случај и неговото одбивање да даде некаква важност на општата пракса на која упатувале жалителите. Затоа во изјаснувањето на жалителите не можело да се критикуваат тие жалители кои што се одлучиле да не поднесат таква жалба. Што се однесува до причината зошто тие не поднеле управна жалба, жалителите рекоа дека нивните родители добиле пристап до потребните информации дури откако времето дозволено за поднесување на таква жалба истекло. Дури и Уставниот суд го отфрлил таквиот пропуст. Конечно, иницијатива за заштита на личните права не може да се смета за средство за оспорување на управни одлуки кои се на сила и Владата не обезбедила никакви докази дека таквиот правен лек бил делотворен.
Понатаму, дури и да се претпостави дека постоел делотворен правен лек, жалителите се изјасниле дека не морало да биде искористен во случаи во кои административната пракса, како што е системот на специјални училишта во Република Чешка, го овозможувала или охрабрувала расизмот. Тие исто така го насочуваат вниманието на Судот кон расната омраза и бројните акти на насилство насочени кон Ромите во Република Чешка и на незадоволувачката природа на казните што биле изрекувани за расистички и ксенофобични кривични дела.
115. Судот повторува дека правилото на исцрпување на домашните лекови на кое се упатува во членот 35 § 1 од Конвенцијата се заснова на претпоставката дека домашниот систем обезбедува делотворен правен лек во однос на наводната повреда. Владата која тврди неисцрпување е таа што треба да го задоволи Судот дека делотворен лек бил достапен во теоријата и праксата во релевантното време; односно дека правниот лек бил достапен, можел да обезбеди обесштетување во однос на жалбите на жалителот и нудел разумна перспектива за успех (види V. v. the United Kingdom [GC], no. 24888/94, § 57, ECHR 1999-IX).
116. Приманата на правилото за исцрпување на домашните правни лекови мора соодветно да го дозволи фактот дека се применува во контекст на машинеријата за заштита на човековите права која државите потписнички се согласиле да ја воспостават. Согласно тоа Судот согледа дека членот 35 § 1 мора да се применува со одреден степен на флексибилност и без претеран формализам. Понатаму согледа дека правилото на исцрпување не е ниту апсолутно ниту способно да биде применето автоматски; за да биде разгледано дали било почитувано неопходно е да се земат во предвид условите на поединечниот случај. Ова значи особено дека Судот мора реално да го земе во предвид не само постоењето на формални правни лекови во правниот систем на засегнатата држава потписничка туку исто така и општиот контекст во кој тие делуваат како и личните околности на жалителот. Потоа мора да провери дали во сите околности од случајот жалителот сторил сè што разумно можело да се очекува од него или неа да ги исцрпи домашните правни лекови (види İlhan v. Turkey [GC], no. 22277/93, § 59, ECHR 2000‑VII).
117. Во актуелниов случај Владата се жалеше најпрво дека никој од жалителите не ја обжалиле одлуката со која се наредувало нивното упатување во специјално училиште ниту покренал иницијатива за заштита на нивните права како личност.
118. Во оваа насока и Судот, како и жалителите, забележува дека Чешкиот уставен суд одлучил да не го земе во предвид тој пропуст (види во параграф 28 горе). Во овие околности тој смета дека би било непотребно формалистички да се бара жалителите да применат правен лек кој дури ни највисокиот суд во земјата не го сметал дека биле обврзани да го користат.
119. Второ, Владата изјави дека од дванаесетте жалители кои поднеле уставна жалба, само петмина всушност ги оспориле одлуките за нивно сместување во специјални училишта, со што на Уставниот суд му овозможиле да расправа по нивните случаи.
120. Судот забележува дека врз основа на фактот дека пет од засегнатите жалители поднеле уставна жалба во соодветната форма, Уставниот суд добил шанса да одлучи по сите жалби кои сега жалителите ги упатиле до Судот. Уставниот суд исто така одлучил дека опсегот на жалбите оделе подалеку од сопствените лични интереси на жалителите така што во таа смисла неговата одлука била повеќе општа жалба.
121. Понатаму, може да се види од неговата одлука од 20 октомври 1999 г. дека Уставниот суд се ограничил на потврдување на толкувањето на надлежните власти и примена на релевантните законски одредби без да се разгледаат последиците од истото, за што жалителите тврделе дека е дискриминирачки. Што се однесува до жалбата за расна дискриминација, исто така се вели дека не било негова улога да го ценува севкупниот социјален контекст.
122. Во вакви околности, нема ништо што може да сугерира дека одлуката на Судскиот совет би била различна доколку бил повикан да одлучува за случаите на тринаесетте жалители кои не поднеле уставна жалба или ја оспориле одлуката на директорот на специјалното училиште. Во контекст на овие размислувања, Судот не е задоволен дека, во посебните околности на овој случај, овој правен лек можел да им обезбеди на жалителите обесштетување за нивните жалби или да им понуди разумна перспектива за успех.
123. Последователно, прелиминарниот приговор на Владата во овој случај мора да се отфрли.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 14 ОД КОНВЕНЦИЈАТА РАЗГЛЕДАН ЗАЕДНО СО ЧЛЕНОТ 2 ОД ПРОТОКОЛОТ Бр. 1
124. Жалителите тврдеа дека тие биле дискриминирани затоа што заради нивната раса или етничко потекло со нив се постапувало на помалку наклонет начин отколку со другите деца во слична ситуација без никакво објективно или разумно оправдување. Во тоа тие се потпираа на поврзаноста на членот 14 од Конвенцијата разгледан заедно со членот 2 од Протоколот бр. 1, кој уредува:
Член 14 од Конвенцијата
„Уживањето на правата и слободите, утврдени во [оваа] Конвенција, ќе бидат обезбедени без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.“
Член 2 од Протоколот бр. 1
„Ниедно лице нема да биде лишено од правото на образование. При спроведувањето на сите функции кои ги има во однос на образованието и наставата, Државата ќе го почитува правото на родителите да обезбедат такво образовани и настава кои се во согласност со нивните сопствени религиозни и филозофски убедувања.“
А. Пресудата на Судскиот совет
125. Судскиот совет одлучи дека немало повреда на членот 14 од Конвенцијата разгледан заедно со членот 2 од Протоколот Бр. 1. Според него Владата успеала да утврди дека системот на специјални училишта во Република Чешка не бил воведен исклучиво за да се грижи за ромските деца и дека значителни напори биле вложени во тие училишта за да им се помогне на одредени категории на ученици да се стекнат со елементарно образование. Во таа насока забележа дека правилата кои се применувале за сместување на децата во специјални училишта не се однесувале на етничкото потекло на децата туку се занимавале со законска цел на прилагодување на образовниот систем на потребите, капацитетите и хендикепот на децата.
126. Судскиот совет забележа конкретно дека жалителите не успеале да ги побијат наодите на експертите дека нивните проблеми со учењето биле такви што ги спречувало да го следат наставниот план за регуларните основни училишта. Понатаму било посочено дека родителите на жалителите не презеле никакви дејствија или дури и побарале нивните деца да бидат упатени или и континуирано да бидат сместувани во специјално училиште.
127. Судскиот совет прифати во својата пресуда дека не било лесно да се избере образовен систем кој ги помирувал различните конкурентни интереси и дека се чини дека немало идеално решение. Меѓутоа, иако признаваме дека статистичките докази обелоденувале загрижувачки цифри и дека општата ситуација во Република Чешка во врска со образованието на ромските деца била далеку од совршено, тој сметал дека конкретните докази пред него не му дозволувале да заклучи дека сместувањето на децата или во некои случаи континуираното сместување во специјални училишта било како резултат ма расни предрасуди.
Б. Изјаснување на странките
1. Жалителите
128. Жалителите се изјаснија дека ограниченото толкување на Судскиот совет значело дека дискриминацијата не била компатибилна не само со целта на Конвенцијата туку исто така и со судската пракса на Судот и на другите јуриздикции во Европа и пошироко.
129. Тие најпрво побараа Големиот судски совет да го корегира нејасниот и контрадикторен тест кој Судскиот советот го користел за да одлучи дали имало дискриминација. Тие забележаа дека, иако реафирмирањето на воспоставениот принцип дека доколку една политика или општа мерка имала несразмерно штетни последици по една група на луѓе, можноста истиот да се смета за дискриминирачки не може да се отфрли дури и да не бил конкретно насочен или упатен на таа група. Судскиот совет сепак се оддалечи од претходната судска пракса на Судот (види Thlimmenos v. Greece [GC], no. 34369/97, § 44, ECHR 2000-IV; Hoogendijk v. the Netherlands (dec.), no. 58641/00, 6 January 2005; и Nachova and Others v. Bulgaria [GC], nos. 43577/98 and 43579/98, § 157, ECHR 2005-VII) на погрешно барање од жалителите да докажат намера за дискриминација од страна чешките власти. Во изјаснувањето на жалителите, таквиот услов бил нереален и нелогичен со оглед дека прашањето дали специјалните училишта биле или не биле дизајнирани за да сегрегираат врз основа на етничкото потекло бил неспорно последицата што ја имале во пракса. Реалноста била таа дека актерите со добра намера честопати се впуштале во дискриминирачки пракси заради незнаење, запоставување или инерција.
130. Жалителите забележаа особено дека во објаснувањето зошто било одбиено да се префрли товарот на докажување во Начова и други (цитиран горе, § 157) Судот бил внимателен во правењето на разлика меѓу расно мотивираното насилничко кривично дело и ненасилните акти на расна дискриминација во, на пример, искористувањето или обезбедувањето на услуги. Во своите изјаснувања, расната дискриминација во однос на пристапот до образование потпаднала точно во вторава категорија на дискриминирачки акти кои би можеле да бидат докажани во отсуство на умисла. Неодамна, Судот одлучил во случајот Зарб Адами против Малта (Zarb Adami v. Malta no. 17209/02, §§ 75‑76, ECHR 2006-VIII) дека различното постапување не морало да биде утврдено со законски акт за да има повреда на членот 14 и дека „добро-воспоставена пракса“ или „de facto ситуација“ исто така можат да поттикнат дискриминација. Како и во овој случај, жалителите сметале дека тие неспорно успеале во утврдувањето на постоењето на непропорционално влијание, товарот на докажување морал да се префрли на Владата за да докаже дека етничкото потекло на жалителите на никаков начин не влијаело врз оспорените одлуки и дека биле поставени доволни заштити од дискриминација.
131. Во таа насока жалителите забележале дека во својата Препорака на Општата политика бр. 7, ЕКРН ги повикал државите да забранат непосредна и посредна дискриминација, при што ниеден концепт не бара доказ за намерата за дискриминирање. Јасно мнозинство од земјите членки на Советот на Европа веќе изречно забраниле дискриминација во деловите на нивното национално законодавство без да бараат доказ за таквата намера и ова било отсликано во судската пракса на тие држави. Жалителите упатиле во овој контекст на, меѓу другото, одлуката на Домот на лордовите во случајот на Регина против службеникот за имиграциски прашања на Прашкиот аеродром и друг ex parte Европски центар за ромски права (види во параграф 105 горе) и на јуриспруденцијата на Судот на правдата на Европските заедници. Конечно, тие забележале дека посредната дискриминација исто така била забранета согласно меѓународното право, вклучувајќи го и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Конвенцијата за елиминирање на расна дискриминација.
132. Соодветно на тоа, со оглед на виталната важност на заштитата од членот 14 и потребата да се направи делотворна, жалителите сметале дека ќе му биде од помош на Судот да ги разјасни правилата што ги применувал во таквите ситуации за да се обезбеди, меѓу другото, принципот на недискриминација да биде толкуван и применуван од двата европски суда. Од овие причини, жалителите побарале од Големиот судски совет да даде јасна пресуда дека намерата не била неопходна за да се докаже дискриминација согласно членот 14, освен во случаи – како што се расно мотивираното насилство – кога веќе бил елемент на основниот прекршок.
133. Во овој случај, жалителите не тврдеа дека надлежните власти во релевантното време имале навредливи расистички ставови кон Ромите, или дека тие имале намера да ги дискриминираат Ромите, или дури дека тие не презеле позитивни мерки. Сите жалители требаа да докажат – и во своите поднесоци докажаа – дека властите ги подложиле жалителите на различно и непријатно постапување споредено со лица во слична ситуација но кои не биле Роми, без објективно и разумно оправдување. Прашањето за заеднички европски стандард кое било покренато од страна на Владата според гледиштето на жалителите било повеќе политичко прашање и постоењето на таков стандард не било релевантно со оглед дека принципот на еднаквост во постапувањето бил обврзувачко правило на меѓународното право.
134. Слично на тоа жалителите побараа од Големиот судски совет да даде насока во врска со видовите на доказ, вклучително но не ограничено на статистички докази, кои можат да бидат релевантни за тужба за повреда на членот 14. Тие забележале дека Судскиот совет ги примил со резерва поразителните статистички докази кои тие ги изнеле, без да провери дали биле точни или не, и покрај фактот дека тие биле поддржани од независни специјализирани меѓувладини тела (ЕКРИ, Комитетот за елиминирање расна дискриминација, и Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства) и од признанието на самата Влада (види во параграфите 41 и 66 горе). Според овие податоци, иако Ромите сочинувале само 5% од сите основци во времето кога жалбата била поднесена, тие сочинувале повеќе од 50% од децата во специјалните училишта. Додека помалку од 2% од неромските ученици во Острава биле испраќани во специјални училишта, над 50% од ромските деца биле испраќани во такви училишта. Генерално ромските деца за дваесет и седум пати имале поголема шанса од неромските деца во слична ситуација да бидат испратени во специјално училиште.
135. Според гледиштето на жалителите овие цифри силно сугерираат дека било свесно или заради ужасно запоставување, расата или етничката припадност го инфицирале процесот на распоредување по училиште во значителен – можеби пресуден – размер. Претпоставката дека тие, како и другите ромски деца во градот Острава биле жртви на дискриминација по основ на етничко потекло никогаш не била побиена. Беше неспорно дека како резултат на нивното сместување во специјални училишта жалителите добиле значително послабо образование споредено со неромските деца и дека со ова биле ефективно лишени од шанса да продолжат со средно образование наместо да се ограничени само во центрите за стручна обука.
136. Во овој контекст, тие тврдеа дека и во Европа и пошироко честопати се користеле статистички податоци кои, како и овде, се занимавале со последиците од дискриминацијата, со оглед дека понекогаш тоа било единственото средство за докажување на посредна дискриминација. Статистичките податоци биле прифатени како докази за дискриминацијата од страна на телата за надзор на договорите на Обединетите нации и од Судот на правдата на Европските заедници. Директивата на Советот 2000/43/EЗ изречно уредува дека посредната дискриминација би можела да се утврди на било кој начин „вклучувајќи врз основа на статистички докази“.
137. Што се однесува до институциите на Конвенцијата, жалителите забележаа дека при утврдувањето на расна дискриминација во случајот Источно-африканските Азијци против Обединетото Кралство (East African Asians v. the United Kingdom (nos. 4403/70-4530/70, Commission’s report of 14 December 1973, Decisions and Reports 78-A, p. 5), Комисијата ги зела во предвид околностите вклучително и статистичките податоци за несразмерните последици што законот го имал на британските државјани со азиско потекло. Неодамна, Судот посочил во својата одлука во Хоогендијк (цитиран горе) дека самите статистички податоци не биле доволни за да се докаже дискриминација, тие можеле – особено кога не биле оспорени – да достигнат до prima facie докази при што се бара од Владата да обезбеди објективно објаснување за различниот третман. Понатаму, во својата пресуда во Зарб Адами (цитирана горе) Судот се потпирал меѓу другото на статистички докази за несразмерни последици.
138. Жалителите додадоа дека би било корисно за Големиот судски совет да ја појасни судската пракса на Судот со утврдување дали имало објективно и разумно оправдување за целите на членот 14 за разликата во постапувањето во актуелниот случај и дефинирање на заклучоците што треба да се извлечат во отсуство на задоволувачко објаснување. Упатувајќи меѓу другото на пресудите во случаите Тимишев против Русија (Timishev v. Russia, nos. 55762/00 and 55974/00, § 56, ECHR 2005‑XII) и Молдавец и други против Романија (Moldovan and Others v. Romania (no. 2) nos. 41138/98 and 64320/01, § 140, 12 July 2005) тие изјавија дека кога еден жалител утврдил разлика во постапувањето товарот бил на тужената држава да докаже дека било оправдано. Во отсуство на расно неутрално објаснување, било законски да се заклучи дека разликата во постапувањето се засновало на расни основи. Во изјаснувањето на жалителите, ниту несоодветно познавање на чешкиот јазик, ниту сиромаштијата, ниту различниот општествено економски статус можел да претставува објективно и разумно оправдување во нивниот случај. Тие отфрлија дека несразмерно големиот број на ромски деца во специјалните училишта би можел да биде објаснет од резултатите на тестовите за интелектуалниот капацитет или оправдани со согласноста на родителите (исто така видите во параграфите 141-42 долу).
139. Што се однесува до важноста на борбата против расната и етничката дискриминација која постојано била реафирмирана од институциите во Стразбур, жалителите сметаа дека Големиот судски совет треба јасно да се изјасни дека „дискреционото право“ не може да служи како оправдување на сегрегацијата во образованието. Пристапот усвоен од Судскиот совет кој оставил неограничена маргина за дискреција за Чешката држава бил неоправдан со оглед на сериозните тврдења на расна и етничка дискриминација во овој случај и бил недоследен со судската пракса на Судот. Актуелниов случај бара уште поголемо внимание на Судот со оглед дека се однесува на едно од најважните суштински права, имено правото на образование.
140. Жалителите понатаму тврдеа дека Судскиот совет погрешно ги протолкувал клучни докази и извлекол несоодветни заклучоци по две одлучувачки прашања, имено родителската согласност и веродостојноста на психолошките тестови.
141. Нема единствени правила во материјалното време кои управуваат со начинот на кој тестовите биле применети од страна на образовно-психолошките центри и како резултатите биле протолкувани, така што многу нешта се оставени на дискрецијата на психолозите и имало значителен простор за расни предрасуди и културна нечувствителност. Понатаму, тестовите кои тие и другите ромски деца биле присилени да ги направат биле значително дефектни и образовно погрешни. Документираните докази покажале дека повеќе од жалителите биле сместени во специјални училишта од причини различни од интелектуалниот недостаток (како отсуствување од училиште, лошо однесување и лошо однесување од страна на родителите). И самата чешка Влада го признала дискриминирачкиот ефект на тестовите (види во параграф 66 горе). Тие исто така признале во своите забелешки за овој случај дека еден од жалителите бил сместен во специјално училиште иако поседувал добра вербално-комуникациска способност.
142. Ниту пак, во изјаснувањето на жалителите, дискриминирачкото постапување на кое тие биле изложени би било оправдано од согласноста на родителите за нивно сместување во специјални училишта. Владите биле законски обврзани да го заштитат највисокиот интерес на детето, а особено еднаквото право на сите деца на образование. Ниту однесувањето на родителите ниту изборот на родителите би можеле да ги лишат од тоа право.
Веродостојноста на „согласноста“ наводно дадена од родителите на неколкумина од жалителите била ставена под знак прашање заради недоследностите во училишната евиденција кои наметнале сомнеж дали тие навистина се согласиле. Во секој случај, дури и под претпоставка дека согласноста била дадена од сите родители, таа немала законска вредност бидејќи засегнатите родители никогаш не биле соодветно информирани за нивното право да ја повлечат својата согласност, за алтернативите на упатувањето во специјално училиште или за ризиците и последиците од таквото сместување. Постапката била во голема мерка формална: родителите добивале однапред подготвен формулар како и резултатите од психолошките тестови; резултати кои тие немале право да ги оспорат. Што се однесува до наводното право подоцна да побараат префрлање во регуларно училиште, жалителите посочија дека од нивната прва година во училиштето добивале значително послабо образование што само им оневозможило последователно да ги исполнат условите на основните училишта.
Исто така, било нереално да се разгледа прашањето за согласноста без да се земе во предвид историјата на ромската сегрегација во образованието и отсуството на соодветна информација за достапните извори на ромските родители. Упатувајќи на гледиштето кое било изразено од Судот (види Håkansson and Sturesson v. Sweden, 21 February 1990, § 66, Series A no. 171-A) дека откажувањето може да е законско за некои права но не и за други и дека тоа не треба да е спротивно на ниеден важен јавен интерес, жалителите се изјасниле дека не можело да има откажување од правото на детето да не биде расно дискриминирани во областа на образованието.
143. Овој случај покрена „сериозно прашање од општа важност“, имено дали европските влади можеле да се справат со зголемената расна и етничка разновидност и заштитата на ранливите малцинства. Во таа смисла најважното прашање било дека еднаквата можност во образованието со оглед дека дискриминацијата на Ромите во таа сфера и понатаму постоела во сите земји членки на Советот на Европа. Ставањето на крај на дискриминацијата во училиштата би им овозможило на Ромите генерално да уживаат еднаков третман.
144. Расната сегрегација на ромските деца во чешките училишта материјално не се сменила од датумот на поднесување на жалбата. Иднините на жалителите и немањето на перспективи ја покажала штетата што нивното дискриминирачко сместување во специјалните училишта ја предизвикале. Оттука, во мај 2006 г. осум од жалителите го продолжувале нивното образование во специјалното училиште додека дополнителни шест кои завршиле специјално училиште завршиле како невработени. Од четирите жалители на кои им било дозволено да посетуваат регуларно основно училиште по положувањето на тестовите за способност, двајца сè уште биле на училиште, еден бил невработен, а четвртиот бил запишан во средно стручно училиште. Жалителите сметале дека веќе било јасно дека никој од нив немало да добие општо средно образование, а уште помалку универзитетско образование.
145. Конечно жалителите посочија дека новиот Закон за училишта бил усвоен кон крајот на 2004 г., со кој се ставало крај на системот на специјални училишта. Новиот закон со тоа признал дека самото постоење на училиштата значело дека „специјално“ носел значење на инфериорност на оние кои биле сместени таму. Меѓутоа во реалноста новиот закон не донел промени во практикувањето со оглед дека едвај дека ги изменил критериумите на кои се засновале програмите. Опсежното истражување спроведено од Европскиот центар за правата на Ромите во 2005 и 2006 покажало дека во многу случаи специјалните училишта само биле преименувани во „поправни училишта“ или „практични училишта“ без некаква битна промена во составот на нивниот наставен персонал или содржината на нивниот наставен план.
2. Владата
146. Владата изјави дека случајот покренал сложени прашања во врска со социјалниот проблем на местото на Ромите во современото општество. Иако Ромите божем ги уживале истите права како и другите граѓани, во реалноста нивните перспективи биле ограничени и од објективни и од субјективни фактори. Не може да има никакви подобрувања на нивната состојба без инволвирање и заложба од страна на сите членови на ромската заедница. Кога тие се обиделе да ги елиминираат овие нееднаквости, земјите членки биле соочени со бројни политички, општествени, економски и технички проблеми кои не можеле да се сведат само на прашањето на почитување на основните права. Од овие причини судовите, вклучувајќи го и Европскиот суд за човекови права, морале да применат одреден степен на воздржаност при испитувањето на мерките што биле усвоени на ова поле и да се ограничат себе на одлучување дали надлежните власти го надминале своето дискреционо право.
147. Упатувајќи на своите претходни писмени и усни забелешки, Владата повтори дека расата, бојата или поврзаноста со национално малцинство не играле одлучувачка улога во образованието на жалителите. Немало никакви конкретни докази за некаква разлика во постапувањето со жалителите во однос на тие основи. Евиденцијата од училиштето на жалителите покажувала без никаков сомнеж дека нивното сместување во специјални училишта не било засновано на нивното етничко потекло, туку врз резултатите од психолошките тестови направени во образовно-психолошките центри. Со оглед дека жалителите биле сместени во специјални училишта на сметка на нивните посебни образовни потреби кои произлегувале во основа од нивниот интелектуален капацитет и со оглед дека критериумите, процесот со кој критериумите биле применувани, системот на специјални училишта бил апсолутно расно неутрален, како и што потврдил Судскиот совет во својата пресуда, не било можно да се зборува за отворена или непосредна дискриминација во овој случај.
148. Владата потоа се осврна на аргументот на жалителите дека овој случај не бил случај на непосредна дискриминација која во некои ситуации може да се утврди само со помош на статистика. Тие тврделе дека случајот на Зарб Адами (цитиран горе), во кој Судот се потпирал во голема мерка на статистичките докази поднесени од странките, не можел да се споредува со овој случај. Најпрво Зарб Адами бил помалку сложен. Второ, статистичките разлики утврдени во тој случај меѓу бројот на мажи и жени повикани за поротници бил резултат на одлуката на државата, додека статистичките податоци на кои се потпираат жалителите во овој случај ги отсликувале, најпрво и што е најважно, желбите на родителите нивните деца да посетуваат специјално училиште, а не само чин или пропуст од страна на државата. Доколку родителите не изразиле таква желба (со тоа што дале своја согласност) децата не би биле сместени во специјално училиште.
Понатаму, статистичките информации кои биле поднесени во тој случај од страна на жалителите не биле доволно убедливи со оглед дека податоците биле обезбедени од наставниците од училиштата и затоа отсликувале само субјективни мислења. Немало никакви официјални информации за етничкото потекло на учениците. Владата понатаму сметала дека статистичките податоци немале информативна вредност без проценка на општествено-културната позадина на Ромите, нивната семејна ситуација и нивниот однос кон образованието. Тие посочиле дека во врска со тоа во регионот на Острава живеела една од најголемите ромски заедници во Република Чешка.
Што се однесува до компаративните студии за земјите од Централна и Источна Европа и понатаму наведени во забелешките на третата странка што интервенирала, Владата не сметаше дека има некаква релевантна врска меѓу тие статистички податоци и суштинските прашања во случајот пред нив. Во своите изјаснувања тие студии имале обичај да потврдат дека креирањето на образовен систем прилагоден за ромските деца било крајно сложена задача.
149. Сепак, дури и под претпоставка дека податоците што биле поднесени од жалителите да биле веродостојни и државата да можела да се смета за одговорна за состојбата, тоа според изјаснувањата на Владата, не достигнало до ниво на посредната дискриминација која била некомпатибилна на Конвенцијата. Оспорената мерка била доследна на принципот на недискриминација со оглед дека се водела од легитимна цел, имено прилагодување на образовниот процес на капацитетот на децата со посебни образовни потреби. Тоа исто така било објективно и разумно оправдано.
150. Во однос на вторава поента Владата го оспори тврдењето на жалителите дека не поднеле некакво задоволувачко објаснување во врска со големиот број на Роми во специјалните училишта. Иако признаа дека состојбата со Ромите во однос на образованието не била идеална, Владата сметаше дека тие демонстрирале дека специјалните училишта не биле формирани за ромската заедница и дека етничкото потекло не било критериум при одлучувањето за сместувањето во специјални училишта. Тие повторија дека сместувањето во специјално училиште било можно само после претходно индивидуализирано педагошко и психолошко тестирање. Процесот на тестирање бил техничка алатка која подложела на континуирано научно истражување и од таа причина можело да се спроведи само од квалификуван персонал. Судовите не ги поседувале потребните квалификации и затоа морале да покажат одреден степен на воздржаност на ова поле. Што се однесува до професионалните стандарди на кои се упатува во забелешките на Меѓународното здружение чекор по чекор и други, Владата нагласи дека тие не биле правни норми кои биле на ниво на закон, туку најмногу необврзувачки препораки или индикации од специјалисти и дека нивното неприменување по дефиниција не можело да наметне меѓународна законска одговорност.
151. Списите на секој од жалителите содржеле детални информации за методите кои биле применети и резултатите од тестирањето. Истите не биле оспорени во тоа време од ниеден од жалителите. Тврдењата на жалителите дека психолозите применувале субјективен пристап се чинеле пристрасни и незасновани на никакви докази.
152. Владата повторно се изјасни дека можеби постоеле ретки ситуации во кои причината за сместување во специјално училиште биле на границата меѓу тешкотии со учењето и лоша општествено-културна средина. Меѓу осумнаесетте случаи ова најверојатно се случило само во еден случај и тоа кај деветтиот жалител. Во спротивно педагошко-психолошката дијагноза и тестирање во образовно-психолошките центри покажале тешкотии во учењето во случајот на сите жалители.
153. Образовно-психолошките центри кои ги спроведувале тестовите само давале препораки во врска со типот на училиште во кое детето требало да биде сместено. Суштинскиот, одлучувачки фактор биле желбите на родителите. Во овој случај родителите биле информирани дека сместувањето на нивните деца во специјално училиште зависело од нивната согласност и последиците од таквата одлука им биле објаснети. Доколку последиците од нивната согласност не биле сосема јасни тие можеле да се жалат против одлуката во врска со сместувањето и можеле во секој момент да побараат префрлање на нивното дете во различен вид на училиште. Доколку, како што сега тврдат, нивната согласност не се засновала на информираност, требале да побараат информации од надлежните власти. Владата забележа во таа насока дека членот 2 од Протоколот бр. 1 ја нагласувал примарната улога и одговорност на родителите за образованието на своите деца. Државата не можела да интервенира доколку немало ништо во однесувањето на родителите за да посочат дека тие не можеле или не сакале да одлучат за најсоодветната форма на образование за своите деца. Мешањето од таков вид би било спротивно на принципот дека државата морала да ги почитува желбите на родителите во однос на образованието и наставата.
Во овој случај Владата забележа дека покрај жалбата до Уставниот суд и поднесувањето на жалба до Европскиот суд за човекови права, родителите на жалителите во основа не сториле ништо за да ги заштитат своите деца од наводното дискриминирачко постапување и играле релативно пасивна улога во нивното образование.
154. Владата го отфрли аргументот на жалителите дека нивното сместување во специјални училишта ги спречило да продолжат со средно и високо образование. Без разлика дали жалителите го завршиле своето задолжително образование пред или после стапувањето на сила на новиот Закон за училишта (Законот бр. 561/2004), за нив постоела отворена можност да продолжат со своето средно образование, да земат дополнителни часови за да дојдат до соодветното ниво или да побараат совет за евентуална кариера. Меѓутоа ниеден од жалителите не покажал дека направил таков обид (па дури и неуспешен) или дека нивните (наводни) тешкотии се должеле на поограниченото образование како резултат на нивното претходно посетување на специјално училиште. Напротив, неколку од жалителите одлучиле да не продолжат со своето образование или го напуштиле. Владата била цврсто убедена дека жалителите се лишиле себеси од можноста да продолжат со своето образование како резултат на недостаток на интерес. Нивната состојба, која во многу случаи била лоша, произлегувала главно од нивниот сопствен недостаток на интерес и не била нешто за што државата би можела да се смета за одговорна.
155. Владата сметаше дека националните власти морале да ги преземат сите разумни мерки за да се обезбеди мерките да не создадат несразмерни последици или доколку тоа не било остварливо да олеснат и компензираат за таквите последици. Меѓутоа ниту Конвенцијата ниту некој друг меѓународен инструмент не содржел општа дефиниција за позитивните обврски на државата во врска со образованието на ромските ученици или поопшто на децата од националните или етничките малцинства. Владата забележа во врска со тоа дека кога се утврдуваат позитивните обврски на државата Судот понекогаш упатувал на развивање на законодавството на страните потписнички. Меѓутоа тие рекоа дека во моментот не постоел никаков европски стандард или консензус во врска со критериумите што требале да се користат за утврдување дали децата требало да се сместат во специјални училишта или како децата со посебни потреби во учењето требало да се образуваат, а специјалното училиште било едно од можните и прифатливи решенија за проблемот.
156. Исто така позитивните обврски согласно членот 14 од Конвенцијата не можат да се сметаат за обврска да се преземе позитивна акција. Тоа морало да остане како опција. Не било можно да се заклучи од членот 14 општа обврска за Државата активно да надомести за сите хендикепи од кои различни делови од населението страдаат.
157. Во секој случај со оглед дека специјалните училишта морале да бидат сметани за алтернативна но не инфериорна форма на образование, Владата се изјасни дека во овој случај усвоиле разумни мерки за да се надомести за хендикепите на жалителите на кои им било потребно специјално образование како резултат на нивната индивидуална состојба, и дека тие не ја надминале маргината на дискреција што Конвенцијата им ја дозволува на државите во сферата на образование. Тие забележаа дека државата доделила дупло повеќе ресурси за специјалните училишта наспроти регуларните и дека домашните власти направиле значителни напори за справување со сложеното прашање на образованието на ромските деца.
158. Владата понатаму обезбеди информации за актуелната ситуација на жалителите добиена од документите обезбедени и од училиштето и од Центарот за вработување на Острава (каде што се пријавиле жалителите што биле невработени). За почеток тие забележаа дека Регионот на Острава бил погоден од висока стапка на невработеност и дека генерално младите кои имале само основно образование имале тешкотии да најдат работа. Иако е можно да се добијат совети за квалификациите и кариерата од државата, активното учество на барателот на работа било неопходно.
Во конкретна смисла двајца жалители во моментот биле во својата последна година на основно образование. Седуммина започнале со стручна обука во средно училиште во септември 2006 г. Четворица започнале но подоцна го напуштиле средното училиште додека мнозинството заради недостаток на интерес наместо тоа се пријавиле во центарот за вработување. Конечно петмина од жалителите не сакале да продолжат со своето школување во средно училиште туку се пријавиле во центарот за вработување. Тие жалители коишто се пријавиле во центарот за вработување не соработувале со него, ниту покажале интерес за понудите за обука или вработување кои им биле дадени, како резултат на што некои од нив веќе биле избришани од регистарот на баратели на работа (во некои случаи повеќе пати).
159. Конечно, Владата го отфрли тврдењето на жалителите дека ништо не се сменило со воведувањето на Законот за училишта (Законот бр. 561/2004). Законот ги обединил претходно постоечките видови на основни училишта и ги стандардизирал образовните програми. Тој не обезбедил посебен и независен систем на специјализирани училишта со исклучок на училиштата за ученици со сериозни ментални нарушувања, аутизам или комбинирани ментални и физички проблеми. Учениците со хендикеп биле поединечно интегрирани, секогаш кога тоа било можно и пожелно, во конвенционалните училишта. Меѓутоа училиштата биле овластени да формираат посебни паралелки со образовни техники и методи прилагодени на нивните потреби. Поранешните „специјални училишта“ можеле да продолжат да функционираат како посебни институции но сега биле „основни училишта“ кои обезбедувале образование согласно модифицирана образовна програма за основно образование. Училиштата во кои социјално загрозените ученици биле образовани често го искористувале своето право на воспоставување на работно место за наставник-асистент и подготвителни паралелки креирани за подобрување на комуникациските вештини и познавањето на чешкиот јазик на децата. Наставниците-асистенти од ромската заедница честопати служеле како врска меѓу училиштето, семејството и, во некои случаи, и други експерти помагале за интегрирањето на учениците во образовниот систем. Регионот каде живееле жалителите бил наклонет кон интегрирање на ромските ученици во паралелките на мнозинското население.
160. Во своите заклучни изјаснувања, Владата побара од Судот внимателно да го испита прашањето за пристапот на жалителите до образование во секој поединечен случај, но без да изгуби увид во целокупниот контекст, и да одлучи дека немало повреда на Конвенцијата.
3. Интервенција на трети странки
(а) Чуварот на меѓу-правата и човековите права (Interights and Human Rights Watch)
161. Чуварот на меѓу-правата и човековите права изјави дека било неопходно членот 14 од Конвенцијата да обезбеди делотворна заштита од посредната дискриминација, концепт што Судот сè уште немал многу прилики во кои го разгледувал. Тие се изјасниле дека аспектите на размислувањето на Судскиот совет не држеле чекор со неодамнешниот развој на настани во случаи како што се Тимишев (цитиран горе), Зарб Адами (цитиран горе) и Хоогендијк (цитиран горе). Големиот судски совет морал да консолидира толкување на членот 14 кое ќе има за цел и да ја усогласи јуриспруденцијата на Судот во однос на посредната дискриминација со постоечките меѓународни стандарди.
162. Чуварот на меѓу-правата и човековите права забележа дека самиот Суд потврдил во Зарб Адами дека дискриминацијата не секогаш била непосредна или експлицитна и дека политика или општа мерка може да резултира со посредна дискриминација. Тие исто така прифатија дека не била потребна намера во случаите на посредна дискриминација (види Hugh Jordan v. the United Kingdom, no. 24746/94, § 154, 4 May 2001). Во своето изјаснување во случајот на посредна дискриминација било доволно практиката или политиката да резултира со несразмерно лоша последица по одредена група.
163. Како доказ за посредна дискриминација било широко прифатено во Европа и на меѓународно ниво и исто така од Судот (види во Тимишев, цитиран горе, § 57 и Хоогендијк, цитиран горе) дека товарот на докажување морал да се префрли штом ќе се утврдел случај на prima facie дискриминација. Во случаите на посредна дискриминација кога жалителот покажал дека значително повеќе луѓе од одредена категорија биле соочени со незавидна состојба заради одредена политика или пракса, се јавувала пресумпцијата за дискриминација. Товарот тогаш се префрлал на државата да ја отфрли основата за случајот prima facie или да обезбеди оправдување за истиот.
164. Затоа било од клучна важност за Судот да се занимава со таков вид на докази кои би можеле да се обезбедат за да се префрли товарот на докажување. Чуварот на меѓу-правата и човековите права во однос на оваа точка се изјаснија дека ставот на Судот во однос на статистичките докази како што се дадени во Хју Џордан (цитиран горе, § 154) не бил во согласност со меѓународната и компаративна пракса. Во директивите на Советот и меѓународните инструменти, статистичките податоци биле клучниот метод на обезбедување на посредна дискриминација. Кога мерките биле неутрални на прв поглед, статистичките податоци понекогаш се покажале дека се единствените делотворни средства за идентификување на нивното разновидно влијание врз различните сегменти на општеството. Очигледно, судовите морале да го проценат кредибилитетот, моќта и релевантноста на статистичките податоци во случајот во прашање, барајќи тие да бидат врзани за тврдењата на жалителот на конкретни начини.
Меѓутоа доколку Судот сакал да го задржи ставот дека статистичките податоци како такви не биле доволни за да покажат дискриминирачка пракса, Чуварот на меѓу-правата и човековите права се изјаснија дека треба да се земе во предвид социјалниот контекст со оглед дека обезбедувал вреден увид во обемот во кој последиците од мерката врз жалителите биле несразмерни.
(б) Чуварот на меѓу-правата и човековите права, Европската мрежа против расизам и Европската информативна канцеларија за Ромите
165. Меѓународната група за малцински права, Европската мрежа против расизам и Европската информативна канцеларија за Ромите се изјаснија дека погрешното испраќање на ромските деца во специјални училишта за ментално заостанати била најочигледна и најужасна форма на дискриминација на Ромите. Децата во таквите специјални училишта следеле поедноставен наставен план кој се сметал за соодветен за нивното пониско ниво на интелектуален развој. Така на пример во Република Чешка од децата во специјалните училишта не се очекувало да ја знаат чешката азбуката или броевите до десет до трето или четврто одделение, додека нивните врсници во регуларните училишта го учеле ова во прво одделение.
166. Ваквата пракса добила значително внимание како на европско ниво така и во рамките на телата за човекови права на Обединетите нации кои ја изразиле својата загриженост во различни извештаи за претераното присуство на ромските деца во специјалните училишта, адекватноста на применетите тестови и квалитетот на наводната согласност на родителот. Сите овие тела утврдиле дека никакво објективно и разумно оправдување не можело да го легитимира хендикепот со кој биле соочени ромските деца на полето на образование. Степенот на доследност меѓу институциите и квази-судските тела бил убедлив во потврдувањето на постоењето на широко распространета дискриминација против ромските деца.
167. Странките што интервенирале додадоа дека без разлика на основаноста на посебното образование за децата со вистински ментален хендикеп, одлуката да се сместат ромските деца во специјални училишта во повеќето случаи не се засновале на никаков ментален хендикеп туку повеќе на јазичните и културните разлики кои не биле земени во предвид во процесот на тестирање. За да ги исполни своите обврски за обезбедување на еднаков третман за Ромите во остварувањето на своето право на образование, првиот услов на државите бил да се измени и дополни процесот на тестирање за да нема расни предрасуди против Ромите и за да се преземат јасни мерки во областа на изучување на јазикот и наставата по социјални вештини.
(в) Меѓународното здружение чекот по чекор, Фондот за образование на Ромите и Европското здружение за истражување во областа на образованието раното детство
168. Меѓународното здружение чекот по чекор, Фондот за образование на Ромите и Европското здружение за истражување во областа на образованието раното детство се обидоа да покажат дека проценката користена за упатување на ромските деца во специјални училишта во Регионот на Острава ги отфрлила бројните делотворни и соодветни показатели кои биле добро познати до средината на деведесеттите години од XX век (види во параграф 44 горе). Според нивното изјаснувања, проценката не ги зела во предвид јазикот и културата на децата, нивното претходно искуство со учење или нивното непознавање на барањата на тестирањето. Биле користени единечни наместо повеќекратни извори на докази. Тестирањето се правело наеднаш во една прилика, а не во тек на подолг временски период. Доказите не биле добиени во реални или автентични услови каде децата би можеле да ги демонстрираат своите вештини. Непотребен акцент бил ставен на поединечно спроведени стандардизирани тестови нормирани за други населенија.
169. Упатувајќи на различни студии кои биле спроведени (види во параграф 44 горе), странките што интервенирале забележале дека децата од малцинствата и оние од ранливите семејства биле поприсутни во рамките на посебното образование во централна и источна Европа. Ова произлегло од цел спектар на фактори, вклучувајќи и несвесна расна пристрасност од страна на школските власти, големи ресурсни нееднаквости, неоправдано потпирање на коефициентот на интелигенција и други релевантни алатки, несоодветни одговори на воспитувачите на притисокот на тестирања со „високи влогови“ и разлики во моќта меѓу родителите од малцинствата и училишните власти. Упатувањето во училиште преку психолошко тестирање честопати отсликувало расна пристрасност во засегнатото општество.
170. Република Чешка била забележана по своето сместување на деца во сегрегирани услови заради „социјалниот хендикеп“. Според споредбата на податоците за петнаесет земји собрани од Организацијата за економска соработка и развој во 1999 г, (види во параграф 18 in fine горе) Република Чешка била рангирана на трето место според бројот на ученици со проблеми со учењето сместени во специјални училишта. Од осумте земји кои обезбедиле податоци за сместувањето на ученици како резултат на социјални фактори, Република Чешка била единствената која имала на располагање специјални училишта; другите земји речиси исклучиво користеле регуларни училишта за образование на таквите ученици.
171. Понатаму, праксата на упатување на деца етикетирани како деца со помал капацитет во специјалните училишта на рана возраст (образовно ловење) честопати водело, намерно или не, кон расна сегрегација и имала особено негативни последици по нивото на образование на децата од социјално загрозени средини. Ова имало долгорочни негативни последици и за нив и за општеството, вклучувајќи и нивно предвремено исклучување од образовниот систем кое резултирало со губење на шансите за вработување за засегнатите лица.
(г) Меѓународната федерација за човекови права (Fédération internationale des ligues des droits de l’Homme – FIDH)
172. ФИДХ сметаше дека Судскиот совет неоправдано ставил значителен товар во својата пресуда врз согласноста што родителите на жалителите наводно ја дале во ситуацијата која го формирала предметот на жалбата пред Судот. Согласно судската пракса на Судот имало ситуации во кои откажувањето од правото не се сметало за можност за ослободување на државата од нејзината обврска да му ги гарантираат на секое лице во рамките на својата јуриздикција правата и слободите утврдени во Конвенцијата. Ова особено се применувало кога откажувањето било спротивно на важниот јавен интерес или не било експлицитно или недвосмислено. Понатаму за да може да го оправда ограничувањето на правото или слободата на поединецот откажувањето од таа гаранција од страна на засегнатото лице морала да се случи во околности од кои можело да се смета дека тој бил целосно свесен за последиците, особено законските последици од својот избор. Во случајот Р. против Борден (R. v. Borden [1994] 3 RCS 145, p. 162) Врховниот суд на Канада го развил следниов принцип во однос на таа точка од праксата: „за откажувањето од правото ... да биде делотворно лицето кое давало согласност морало да ја поседува бараната основа на информираност за вистинско откажување од правото. Правото на избор бара не само повредата да претпочита една опција наместо друга, туку исто така и доволно достапни информации за она што сака да се направи да има значење.“
173. Затоа се постави прашањето дали, во контекст на природата на принципот на еднаквост во постапувањето, и на врската меѓу забраната на расната дискриминација и поширокиот концепт на човечкото достоинство откажувањето од правото на заштита од дискриминација не требало во целост да се исклучи. Во овој случај согласноста добиена од родителите на жалителите била задолжителна не само за жалителите туку и за сите деца од ромската заедница. Било сосема можно – навистина според изјаснувањето на ФИДХ, веројатно – дека сите родители на ромските деца би претпочитале интегрирано образование за своите деца, но несигурни во изборот што други родители би ги направиле во таа ситуација, тие ја претпочитале „безбедната“ понудена од специјалното образование која ја следеле мнозинството ромски деца. Во контекст карактеризиран од историјата на дискриминацијата на Ромите изборот што им бил достапен на родителите на ромските деца бил меѓу (а) сместување на нивните деца во училишта каде властите давале отпор да ги примат и каде тие се плашеле дека можат да бидат предмет на различни форми на вознемирување и манифестации на непријателство од страна на нивните соученици и наставници, или (б) нивно сместување во специјални училишта каде ромските деца претставувале големо мнозинство и каде последователно тие не морале да се плашат од манифестирања на такви предрасуди. Во реалноста родителите на жалителите го избрале она што го сметале за помалото од две зла во отсуство на некаква реална можност за добивање на интегрирано образование кое би ги прифатило Ромите без резерва. Несразмерноста меѓу двете алтернативи била таква што родителите на жалителите биле обврзани да направат избор за кој Владата сега сакала да ги смета за одговорни.
174. Од овие причини што се дадени горе ФИДХ сметаа дека во околностите на овој случај наводното откажување од страна на родителите на жалителите од правото на нивните деца да примат образование во регуларни училишта не можело да го оправда ослободувањето на Република Чешка од нејзините обврски во однос на Конвенцијата.
В. Оценка на Судот
1. Рекапитулирање на главните принципи
175. Судот има утврдено во својата судска пракса дека дискриминацијата значи различно постапување без објективно и разумно оправдување со лица во релативно слични ситуации (види Willis v. the United Kingdom, no. 36042/97, § 48, ECHR 2002‑IV, и Okpisz v. Germany, no. 59140/00, § 33, 25 October 2005). Меѓутоа, членот 14 не и забранува на една земја членка да ги третира групите различно заради корекција на „фактичките нееднаквости“ меѓу нив; навистина во одредени околности пропустот да се направи обид да се корегира нееднаквост преку различно постапување може само по себе да наметне повреда на членот (види Case “relating to certain aspects of the laws on the use of languages in education in Belgium” v. Belgium (основаност), 23 July 1968, p. 34, § 10, Series A no. 6; Thlimmenos v. Greece [GC], no. 34369/97, § 44, ECHR 2000-IV; и Stec and Others v. the United Kingdom [GC], no. 65731/01, § 51, ECHR 2006‑VI). Судот исто така прифати дека општата политика или мерката која има несразмерно штетни последици по одредена група може да се смета за дискриминирачка без разлика дека не е конкретно насочена кон групата (види Хју Џордан, цитиран горе, и Хоогендијк, цитиран горе) и дека дискриминацијата потенцијално спротивна на Конвенцијата може да резултира од de facto ситуација (види Зарб Адами, цитиран горе).
176. Дискриминацијата на сметка на, меѓу другото, етничкото потекло на личноста претставува форма на расна дискриминација. Расната дискриминација е особено навредлив вид на дискриминација и со оглед на своите опасни последици и бара од властите посебна внимателност и енергична реакција. Од овие причини властите мораат да ги искористат сите достапни средства за борба против расизмот, со што би се зајакнала визијата на демократијата за општество во кое на разновидноста не се гледа како на закана туку како на извор за збогатување (види Начова, цитиран горе, Тимишев, цитиран горе). Судот исто така одлучи дека никаков различен третман кој е заснован исклучиво или до одлучувачко ниво на потеклото на лицето може да биде објективно оправдано во современото демократско општество изградено на принципите на плурализам и почитување на различните култури (види Тимишев, цитиран горе, § 58).
177. Што се однесува до доказот во оваа сфера, Судот има утврдено дека откако жалителот покажал разлика во третманот Владата требала да покаже дека било оправдано (види, меѓу другите извори, Chassagnou and Others v. France [GC], nos. 25088/94, 28331/95 and 28443/95, §§ 91-92, ECHR 1999‑III, и Тимишев, цитиран горе, § 57).
178. Што се однесува до прашањето што претставува prima facie доказ кој може да го пренасочи товарот на докажување на тужената држава, судот се изјасни во Начова и други (цитиран горе, § 147) дека во постапката пред него нема процедурални бариери во однос на допуштеноста на доказите или претходно утврдената формула за својата проценка. Судот ги усвојува заклучоците кои од негов аспект се поддржани од слободната проценка на сите докази, вклучително таквите докази коишто можат да следат од фактите и поднесоците на странките. Според својата утврдена судска пракса доказот може да следи од коегзистенцијата на доволно силни, јасни и согласни заклучоци или од слични непобитни претпоставки на факти. Исто така, нивото на убедливост кое е неопходно за да се дојде до одреден заклучок и, во врска со ова, дистрибуцијата на товарот на докажување се суштински поврзани со специфичноста на фактите, природата на тврдењата што се направени и правото на Конвенцијата што е во прашање.
179. Судот исто така согледа дека постапките според Конвенцијата во сите случаи не се држат до ригорозна примена на принципот affirmanti incumbit probation (тој што тврди нешто мора да го докажи таквото тврдење – види Aktaş v. Turkey, no. 24351/94, § 272, ECHR 2003‑V). Во одредени околности каде настаните во прашање во целост или во голем дел се наоѓаат во ексклузивните сознанија на властите, товарот на докажување може да се смета дека зависи од тоа дали властите ќе обезбедат задоволувачко и убедливо објаснување (види Salman v. Turkey [GC], no. 21986/93, § 100, ECHR 2000-VII, и Anguelova v. Bulgaria, no. 38361/97, § 111, ECHR 2002‑IV). Во Начова и други (цитиран горе, § 157), Судот не исклучил барање од тужената Влада да не одобри аргументиран навод за дискриминација во одредени случаи, иако сметал дека би било тешко да се стори во тој конкретен случај во кој тврдењето било дека чин на насилство бил мотивиран од расни предрасуди. Тој забележува во врска со тоа дека во правните системи на многу земји доказот за дискриминирачките последици од една политика, одлука или пракса би ја изоставиле потребата од докажување на намера во врска со наводната дискриминација во однос на вработувањето или во обезбедувањето на услуги.
180. Што се однесува до тоа дали статистичките податоци можат да претставуваат доказ, Судот во минатото се има произнесено дека статистичките податоци сами по себе не можат да откријат пракса која би можела да се класифицира како дискриминирачка (види Хју Џордан, цитиран горе, § 154). Меѓутоа, во поскорешни случаи по прашањето на дискриминацијата во кои жалителите тврделе дека постоела разлика во однос на делувањето на една општа мерка или de facto ситуација (види Хоодендијк, цитиран горе и Зарб Адами, цитиран горе, §§ 77-78), Судот се потпира во голема мерка на статистички податоци обезбедени од странките заради утврдување на различниот третман на две групи (мажи и жени) во слични ситуации.
Оттука во Хоогендијк Судот вели: „Кога жалителот може да покаже, врз основа на неоспорна официјална статистика, постоење на prima facie индикација дека одредено правило – иако формулирано на неутрален начин – всушност влијае на јасно повисок процент на жени отколку мажи, тужената Влада е таа која треба да покаже дека ова е како резултат на објективни фактори неповрзани со никаква дискриминација по основ на пол. Доколку товарот на покажување дека разликата во последиците по мажите и жените во пракса не е дискриминирачка не се префрли на тужената Влада, во пракса ќе биде крајно тешко за жалителите да докажат посредна дискриминација.“
181. Конечно, како што е забележано во претходните случаи, ранливата позиција на Ромите/Циганите значи дека нивните потреби и нивниот различен стил на живеење треба специјално да се разгледаат како во релевантната регулаторна рамка така и во носењето на одлуки во одредени случаи (види Chapman v. the United Kingdom [GC], no. 27238/95, § 96, ECHR 2001‑I, и Connors v. the United Kingdom, no. 66746/01, § 84, 27 May 2004).
Во Чепман (цитиран горе, §§ 93-94), Судот исто така забележал дека можело да се каже дека постои растечки меѓународен консензус меѓу земјите договорнички на Советот на Европа со кој се признаваат посебните потреби на малцинствата и обврската за заштита на нивната безбедност, идентитет и стил на живеење, не само заради заштита на интересите на самите малцинства туку исто така заради зачувување на културната разновидност во однос на вредноста на целата заедница.
2. Примената на гореспоменатите принципи во овој случај
182. Судот забележува дека како резултат на нивната турбулентна историја и постојаното откорнување Ромите станале посебен вид на загрозено и ранливо малцинство (види ги исто така општите забелешки во Препораката на Парламентарното собрание бр. 1203 (1993) за Циганите во Европа, цитирани во параграф 56 горе, и точката 4 од Препораката бр. 1557 (2002) за правната состојба на Ромите во Европа, цитирана во параграф 58 горе). Како што Судот забележа во претходни случаи, затоа на нив им е потребна посебна заштита (види во параграф 181 горе). Како што е потврдено од активностите на бројни европски и меѓународни организации и препораките на телата на Советот на Европа (види во параграфите 54-61 горе), оваа заштита исто така ја опфаќа и сферата на образованието. Затоа актуелниот случај бара посебно внимание, особено со оглед дека кога жалбите биле поднесени до Судот жалителите биле малолетници за кои правото на образование било од највисока важност.
183. Тврдењата на жалителите во актуелниов случај не е дека нивната ситуација се разликувала од онаа на неромските деца што барало различно постапување или дека тужената држава не презела позитивни дејствија за корегирање на нееднаквостите или разликите меѓу нив (види Тлименос, цитиран горе, § 44, и Стек и други, цитиран горе, § 51). Според нивните изјаснувања, сè она што треба да се утврди е дека без објективно и разумно оправдување тие биле полошо третирани отколку неромските деца во слична ситуација и дека во нивниот случај ова достигнало до ниво на посредна дискриминација.
184. Судот веќе прифатил во претходните случаи дека разликата во постапувањето може да добие форма на несразмерно лоши последици од општата политика или мерка која, иако истата е неутрално формулирана таа дискриминира една група (види Хју Џордан, цитиран горе, § 154, и Хоогендијк, цитиран горе). Во согласност со, на пример, Директивите на Советот 97/80/EЗ и 2000/43/EЗ (види во параграфите 82-84 горе) и дефиницијата дадена од ЕКРН (види во параграф 60 горе) таквата ситуација може да достигне „посредна дискриминација“ која неопходно не бара намера за дискриминација.
(а) Дали претпоставка за посредна дискриминација се јавува во конкретниов случај
185. Се работеше за заеднички основ дека оспорената разлика во постапувањето не резултирало од формулацијата на законските одредби за сместување во специјални училишта кои стапиле на сила во материјалното време. Соодветно на тоа, прашањето во актуелниот случај е дали начинот на кој законот бил применет во пракса резултирал со несоодветен број на ромски деца – вклучувајќи ги и жалителите – да бидат сместени во специјални училишта без оправдување, и дали таквите деца затоа се нашле во значително незавидна позиција.
186. Како што споменав горе, Судот во претходни случаи има забележано дека жалителите може да имаат тешкотии во докажувањето на дискриминирачки третман (Начова и други, цитиран горе, §§ 147 и 157). За да се гарантира она што се однесува на делотворната заштита на нивните права, помалку строги доказни правила треба да се применуваат во случаи на наводна посредна дискриминација.
187. Во однос на оваа точка, Судот забележува дека Директивите на Советот 97/80/EЗ и 2000/43/EЗ стипулираат дека лицата за кои се смета дека им било згрешено заради тоа што принципот на еднаков третман не бил применет за нив, можат да утврдат пред домашен орган по секаков пат, вклучително и врз основа на статистички докази, факти од кои може да се претпостави дека имало дискриминација (види во параграфите 82-83 горе). Неодамнешната судска пракса на Судот на правдата на Европските заедници (види во параграфите 88-89 горе) покажува дека дозволува жалителите да се повикаат на статистички докази и националните судови да ги земат во предвид таквите докази кога тоа е валидно и важно.
Големиот судски совет понатаму ги нотира информациите коишто се обезбедени од третите странки што интервенираат дека судовите во многу земји и надзорните тела на договорите на Обединетите нации по навика прифаќаат статистички податоци како докази за посредна дискриминација за да им се олесни задачата на жртвите за примена на prima facie докази.
Судот исто така ја согледа важноста на официјалните статистички докази во гореспоменатите случаи на Хоогендијк и Зарб Адами и покажа дека е подготвен да прифати и да земе во предвид различни видови на докази (види Начова и други, цитиран горе, § 147).
188. Во вакви околности Судот смета дека кога се работи за оценување на последиците од мерка или пракса на поединец или лице, статистичките податоци, кои при клучната проверка се чинат дека се веродостојни и важни, ќе бидат доволни за да конституираат prima facie докази кои жалителот треба да ги обезбеди. Меѓутоа ова не значи дека посредната дискриминација не може да се докаже без статистички податоци.
189. Кога жалителот кој тврди посредна дискриминација и на тој начин утврдува претпоставка која може да се побие дека последицата од мерката или праксата е дискриминирачка, товарот тогаш се префрла на тужената држава, којашто мора да покаже дека разликата во постапувањето не е дискриминирачка (види, mutatis mutandis, Начова и други, цитиран горе, § 157). Посветувајќи посебно внимание на специфичноста на фактите и природата на тврдењата во ваквиот вид на случај (ибид., § 147), ќе биде крајно тешко во пракса за жалителите да докажат посредна дискриминација без такво менување во товарот на докажување.
190. Во актуелниов случај статистичките податоци поднесени од жалителите биле добиени од прашалниците кои биле испратени до директорите на специјалните и основните училишта во градот Острава во 1999 г. Тие покажуваат дека во тоа време 56% од сите ученици сместени во специјални училишта во Острава биле Роми. Спротивно на тоа Ромите претставувале само 2,26% од вкупниот број на ученици во основно училиште во Острава. Исто така иако само 1,8% од учениците што не биле Роми биле сместени во специјални училишта, во Острава соодносот на ромските ученици кои биле упатени во специјалните училишта бил 50,3%. Според Владата овие цифри не се доволно убедливи бидејќи отсликуваат чисто субјективни мислења на директорите на училиштата. Владата исто така забележала дека не постоеле никаква официјална информација за етничкото потекло на учениците и дека регионот на Острава ја имал една од најголемите ромски заедници.
191. Големиот судски совет забележува дека овие цифри не се оспорени од Владата и дека тие немаат креирано никакви алтернативни статистички докази. Според нивниот коментар дека не постојат никакви официјални информации за етничкото потекло на учениците, Судот прифаќа дека статистичките податоци поднесени од жалителот може да не се целосно веродостојни. Сепак смета дека овие цифри откриваат доминантен тренд кој бил потврден и од тужената држава и од независните надзорни тела кои го разгледале прашањето.
192. Во своите извештаи поднесени согласно членот 25 § 1 од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, чешките власти прифатиле дека во 1999 г. на ромските ученици отпаѓале меѓу 80% и 90% од вкупниот број на ученици во некои специјални училишта (види во параграф 66 горе) и дека во 2004 г. „голем број“ на ромски деца и понатаму се упатувале во специјални училишта (види во параграф 67 горе). Советодавниот комитет за Рамковната конвенција забележал во својот извештај од 26 октомври 2005 г. дека според неофицијалните проценки дури 70% од учениците запишани во специјалните училишта биле Роми. Според извештајот објавен од ЕКРН во 2000 г. ромските деца во „голема мерка доминирале“ во специјалните училишта. Комитетот за елиминирање на расната дискриминација забележал во своите заклучни забелешки од 30 март 1998 г. дека несразмерно голем број на ромски деца биле сместени во специјални училишта (види во параграф 99 горе). Конечно, според цифрите што се обезбедени од Европскиот центар за мониторинг на расизам и ксенофобија, повеќе од половина од ромските деца во Република Чешка посетувале специјални училишта.
193. Според гледиштето на Судот последниве цифри, кои не се поврзани исклучиво со регионот на Острава и затоа обезбедуваат поопшта слика, покажуваат дека дури и ако точниот процент на ромски деца во специјалните училишта во материјалното време тешко може да се утврди, нивниот број бил несразмерно висок. Исто така ромските ученици претставувале мнозинство од учениците во специјалните училишта. И покрај тоа што биле изразени со неутрални термини, релевантните законски одредби сепак имале значително поголеми последици во праксата по ромските деца отколку по неромските деца и резултирале со статистички несразмерен број на упатувања на вториве во специјални училишта.
194. Онаму каде што ќе се покаже дека законот создава такви дискриминирачки последици, Големиот судски совет смета дека, како и во случаите што се занимаваат со вработување или обезбедување на услуги (види, mutatis mutandis, Начова и други, цитиран горе, § 157), не е неопходно во случаите во образовната сфера да се докаже некаква дискриминирачка намера од страна на релевантните власти (види во параграфот 184 горе).
195. Во вакви околности, доказите поднесени од жалителите можат да се сметаат за доволно веродостојни и важни за да покренат силна претпоставка за посредна дискриминација. Затоа товарот на докажување мора да се префрли на Владата, која мора да покаже дека разликата во влијанието на законската регулатива била како резултат на објективни фактори неповрзано со етничкото потекло.
(б) Објективно и разумно оправдување
196. Судот повторува дека разликата во постапувањето е дискриминирачка доколку „нема објективно и разумно оправдување“ односно доколку не се води од „легитимна цел“ или ако нема „разумна врска со сразмерноста“ меѓу средствата кои се користат и целта кој се сака да се реализира (види, меѓу многуте други извори, Larkos v. Cyprus [GC], no. 29515/95, § 29, ECHR 1999-I, и Стек и други, цитиран горе, § 51). Кога разликата во постапувањето се заснова на раса, боја или етничко потекло, идејата за објективно и разумно оправдување мора да се толкува колку што е можно построго.
197. Во овој случај Владата се обиде да ја објасни разликата во постапувањето со ромските деца и со неромските деца преку потребата за прилагодување на образовниот систем на капацитетот на децата со посебни потреби. Во изјаснувањата на Владата жалителите биле сместени во специјални училишта на сметка на нивните образовни потреби, во основа како резултат на нивниот понизок интелектуален капацитет мерен со помош на психолошки тестови во образовно-психолошки центри. Откако центрите дале сопствени препораки во врска со типот на училиште во кој жалителите требале да бидат сместени, конечната одлука била во рацете на родителите на жалителите и тие се согласиле со упатувањето. Затоа аргументот дека жалителите биле упатени во специјални училишта на сметка на нивното етничко потекло не бил одржлив.
Од своја страна жалителите го оспоруваа тврдењето дека несразмерно големиот број на ромски деца во специјалните училишта можел да се објасни со резултатите од тестовите за интелектуалниот капацитет или да биде оправдан од согласноста на родителите.
198. Судот прифаќа дека одлуката на Владата да го задржи системот на специјални училишта била мотивирана од желбата да изнајде решение за децата со специјални образовни потреби. Меѓутоа ја дели вознемиреноста на другите институции на Советот на Европа кои изразиле загриженост за попростиот наставен план што го следеле во овие училишта и, особено, сегрегацијата што системот ја предизвикал.
199. Големиот судски совет понатаму забележува дека тестовите кои биле користени за оценка на способностите за учење или тешкотиите на децата поттикнале контраверзност и продолжиле и понатаму да бидат предмет на научна дебата и истражување. Иако прифатиле дека не е нивна улога да судат за веродостојноста на таквите тестови, различни фактори во овој случај сепак го воделе Големиот судски совет да заклучи дека резултатите од тестовите спроведени во материјалното време не биле во можност да обезбедат објективно и разумно оправдување за целта на членот 14 од Конвенцијата.
200. Најпрво бил општ став дека сите деца кои биле испитани ги направиле истите тестови без разлика на нивното етничко потекло. Самите чешки власти во 1999 г. признале дека „ромските деца со просечна или натпросечна интелигенција“ честопати биле сместувани во такви училишта врз основа на резултатите од психолошките тестови и дека тестовите биле изработени за мнозинството население и не ги земале во предвид специфичностите на Ромите (види во параграф 66 горе). Како резултат на тоа тие ги ревидирале тестовите и методите што се користеле за да се внимава да „не бидат злоупотребени на штета на ромските деца (види во параграф 72 горе).
Дополнително, различни независни тела изразиле сомнежи околу соодветноста на тестовите. Оттука, Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства забележал дека децата кои не биле ментално хендикепирани биле сместувани во овие училишта „[заради] реални или перцепирани јазични и културни проблеми меѓу Ромите и мнозинството“. Тој исто така ја нагласува потребата тестовите да бидат „конзистентни, објективни и сеопфатни“ (види во параграф 68 горе). ЕКРН забележала дека насочувањето на ромските деца кон специјалните училишта за деца со ментално заостанување наводно честопати било “квази-автоматско“ и требало да се испита за да се обезбеди секое тестирање што може да се примени да биде „правично“ и дека вистинските капацитети на секое дете да бидат „соодветно проценети“ (види во параграфите 63-64 горе). Комесарот за човекови права на Советот на Европа забележал дека Ромските деца честопати биле сместувани во паралелки за деца со посебни потреби „без соодветна психолошка или педагошка проценка, при што реалниот критериум јасно бил нивното етничко потекло (види во параграф 77 горе).
Конечно, во изјаснувањата на некои од третите странки кои интервенираа, упатувањата како резултат на психолошки тестови ги отсликувале расните предрасуди на засегнатото општество.
201. Судот смета дека во најмала рака постои опасност дека тестовите биле пристрасни и дека резултатите не биле анализирани во контекст на специфичностите и посебните карактеристики на ромските деца кои биле тестирани. Во вакви околности, тестовите во прашање не можат да послужат како оправдување за оспорената разлика во постапувањето.
202. Што се однесува до родителската согласност Судот го забележува изјаснувањето на Владата дека ова било одлучувачки фактор без кој жалителите немале да можат да бидат сместени во специјални училишта. Со оглед на фактот дека разлика во постапувањето била утврдена во овој случај, следи дека секоја таква согласност би значела прифаќање на разликата во постапувањето, дури и да е дискриминирачка, со други зборови откажување од правото да не се биде дискриминиран. Меѓутоа согласно судската пракса на Судот откажувањето од право гарантирано со Конвенцијата – онолку колку таквото откажување е дозволено – мора са се утврди на недвосмислен начин, и да се покаже целосна запознаеност со фактите, односно врз основа на информирана согласност (види Pfeifer and Plankl v. Austria, 25 February 1992, §§ 37-38, Series A no. 227) и без ограничување ( види Deweer v. Belgium, 27 February 1980, § 51, Series A no. 35).
203. Во околностите на актуелниов случај, Судот не смета дека родителите на ромските деца кои биле членови на загрозените заедници и честопати биле со ниско образование, можеле да ги проценат сите аспекти на ситуацијата и последиците од давањето на согласност. Самата Влада признала дека согласноста во овој случај била давана по пат на потпишување на готов формулар кој не содржел информации за достапните алтернативи или за разликите меѓу наставниот план на специјалните училишта и оној што се следел во другите училишта. Ниту дека домашните власти се чини дека презеле дополнителни мерки за да се обезбеди родителите Роми да ги добијат сите информации кои им требале за да донесат информирана одлука или биле свесни за последиците кои би следеле по иднината на нивните деца со давањето на согласност. Исто така се чини неспорно дека родителите Роми биле соочени со дилема: избор меѓу регуларни училишта кои не биле опремени за да се грижат за социјалните и културните разлики на нивните деца и во кои нивните деца биле соочени со ризик од изолација и остракизам, и специјалните училишта каде што мнозинството ученици биле Роми.
204. Во однос на основната важност на забраната на расната дискриминација (види Начова и други, цитиран горе, § 145, и Тимишев, цитиран горе, § 56), Големиот судски совет смета дека дури и под претпоставка дека условите на кои се упатува во параграф 202 горе биле задоволени, не може да се прифати никакво откажување од правото да не се биде дискриминиран, бидејќи тоа би било спротивно на важен јавен интерес (види, mutatis mutandis, Hermi v. Italy [GC], no. 18114/02, § 73, ECHR 2006‑XII).
(в) Заклучок
205. Како што може да се види од документацијата обезбедена од ЕКРН и извештајот на Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Република Чешка не е единствената која се има соочена со проблеми во обезбедувањето школување за ромските деца: други европски држави имаа слични проблеми. Судот со задоволство забележува дека за разлика од некои други земји Република Чешка се обидела да се справи со проблемот и согледува дека во нејзините напори за постигнување на социјална и образовна интеграција на загрозената група која ја сочинуваат Ромите морала да се справи со бројни проблеми како резултат меѓу другото на културните посебности на тоа малцинство и степенот на одбојност кај родителите на неромските деца. Како што забележа Судскиот совет во својата одлука за допуштеноста во овој случај изборот меѓу едно училиште за сите, високо специјализирани структури и обединети структури со специјализирани делови не е лесен. Тој вклучува рамнотежа која тешко може да се постигне меѓу спротивставените интереси. Што се однесува до поставувањето и планирањето на наставниот план ова главно вклучува прашања на експедитивност за кои Судот не може да одлучува (види Valsamis v. Greece, 18 December 1996, § 28, Reports of Judgments and Decisions 1996-VI).
206. Сепак кога на националните власти им се доделува дискреционо право кое може да го попречи остварувањето на право од конвенцијата, процедуралните заштити кои се достапни за поединецот ќе бидат особено материјални во утврдувањето дали тужената страна кога ја поставува регулаторната рамка останала во рамките на своето дискреционо право (види Buckley v. the United Kingdom, 25 September 1996, § 76, Reports 1996‑IV, и Конорс, цитиран горе, § 83).
207. Фактите од овој случај укажуваат на фактот дека начинот на кој било организирано школувањето за ромските деца немал заштити (види параграф 28 горе) кои би обезбедиле, при примената на нејзиното дискреционо право во образовната сфера, државата да ги земе во предвид нивните посебни потреби како членови на загрозена класа (види, mutatis mutandis, Бакли, цитиран горе, § 76, и Конорс, цитиран горе, § 84). Понатаму како резултат на таквата поставеност на работите жалителите биле упатени во училишта за деца со ментален хендикеп каде се следел поелементарен наставен план отколку во регуларните училишта и каде тие биле изолирани од учениците од поширокото население. Како резултат на тоа тие добивале образование кои ги зголемувало нивните тешкотии и го компромитирал нивниот понатамошен личен развој наместо да се осврне на нивните реални проблеми или да им помогне да се интегрираат во регуларните училишта и да се развијат вештини кои би им овозможиле живот меѓу мнозинското население. Навистина, Владата имплицитно призна дека можностите за вработување се поограничени за учениците од специјалните училишта.
208. Во вакви околности и кога се признаваат напорите на чешките власти да им се овозможи на ромските деца да добијат школување, Судот не е задоволен дека разликите во постапувањето со ромските деца и неромските деца биле објективно и разумно оправдани и дека постоел разумен однос на пропорционалност меѓу средствата што се користеле и целта што се следела. Во таа насока тој забележува со интерес дека новата законска регулатива ги укинала специјалните училишта и уредува за децата со специјални образовни потреби, вклучувајќи ги и социјално загрозените, деца да бидат школувани во регуларните училишта.
209. Конечно, со оглед дека било утврдено дека релевантното образование како што било применето во пракса во материјалното време имало несразмерно штетни последици по ромската заедница, Судот смета дека жалителите како членови на таа заедница неминовно страдале од истото дискриминирачко постапување. Соодветно на тоа нема потреба да ги разгледува нивните поединечни случаи.
210. Последователно во овој случај имало повреда на членот 14 од Конвенцијата земен во врска со членот 2 од Протоколот бр. 1 што се однесува на секој од жалителите.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
211. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
А. Штета
212. Жалителите не тврдеа дека претрпеле материјална штета.
213. Тие бараа по 22.000 евра (ЕУР) секој (што вкупно би значело 396.000 евра) за нематеријалната штета што ја претрпеле, вклучително образовната, психолошката и емоционалната штета и надоместок за нервозите, фрустрацијата и понижувањето што ги трпеле како резултат на нивното дискриминирачко упатување во специјални училишта. Тие нагласиле дека последиците од оваа повреда биле сериозни и континуирани и дека ги погодиле сите сфери на нивните животи.
214. Понатаму упатувајќи на пресудите во Брониовски против Полска (Broniowski v. Poland [GC], no. 31443/96, § 189, ECHR 2004‑V) и Хутен-Чопска против Полска (Hutten-Czapska v. Poland [GC], no. 35014/97, §§ 235-37, ECHR 2006‑VIII), жалителите рекоа дека повредата на нивните права „не била ниту поттикната од изолиран настан ниту можела да се препише на конкретен низ на настани во [нивниот] случај, туку повеќе се работело за последица од административно и регулаторно однесување од страна на властите кон неидентификувана класа на граѓани“. Соодветно на тоа, според нивното изјаснување требало да се преземат општи мерки на национално ниво или за да се отстрани секаква пречка за остварување на правото на бројни лица погодени од ситуацијата или за да се обезбеди еквивалентно обесштетување.
215. Владата се изјасни, со посебен осврт на психолошката и образовната штета, дека таа била поврзана со жалбите согласно членот 3 од Конвенцијата и членот 2 од Протоколот бр. 1 земени поединечно, кои биле прогласени за недопуштени од страна на Судот во неговата одлука од 1 март 2005 г. Затоа според нив немало никаква случајна врска меѓу некаква повреда на Конвенцијата и наводната нематеријална штета. Тие понатаму оспорувале дека сумата која ја барале жалителите била претерана и дека доколку се утврди некаква повреда тоа би претставувало правичен надоместок.
216. Судот потврдува, најпрво дека согласно членот 46 од Конвенцијата високите страни договорнички имаат преземено обврска да се придржуваат кон конечните пресуди на Судот во секој случај во кој тие се странка, при што извршувањето е под надзор на Комитетот на министри. Понатаму меѓу другото следи дека пресудата во која Судот утврдува повреда и наметнува на тужената држава законска обврска не само да им плати на засегнатите суми доделени по пат на правичен надоместок согласно членот 41, но исто така да избере, што подложи на надзор од страна на Комитетот на министри, општи и/или доколку е соодветно, поединечни мерки кои треба да бидат усвоени во рамките на нејзиниот домашен правен поредок за да се стави крај на повредата утврдена од Судот и да ги поправи последиците во рамките на можностите. Меѓутоа, тужената држава и понатаму е слободна да ги избере средствата со кои ќе ја исполни својата законска обврска согласно членот 46 од Конвенцијата, под услов таквите средства да се компатибилни со заклучоците поставени во пресудата на Судот (види Брониовски, цитиран горе, § 192, и Čonka v. Belgium, no. 51564/99, § 89, ECHR 2002‑I). Судот забележува во оваа насока дека оспорената законска регулатива во овој случај била укината и дека Советот на министри неодамна дал препораки до земјите членки во врска со образованието на децата Роми/Цигани во Европа (види во параграфите 54-55 горе). Последователно, не смета дека е соодветно да го одложи прашањето.
217. Судот не може да шпекулира кој би бил исходот од ситуацијата на која се жалеле жалителите доколку не би биле упатени во специјални училишта. Меѓутоа, јасно е дека тие претрпеле нематеријална штета – особено како резултат на понижувањето и фрустрацијата предизвикани од посредната дискриминација на која биле жртви – за која наодот на повреда на Конвенцијата не дава доволна отштета. Меѓутоа, износите што се бараат од жалителите се претерани. Одлучувајќи врз правична основа, Судот ја проценува нематеријалната штета претрпена од секој од жалителите на 4.000 евра.
Б. Трошоци и издатоци
218. Жалителите не го измениле првичното барање што го доставиле до Судскиот совет. Трошоците и издатоците затоа не ги вклучуваат оние што настанале за постапките пред Големиот судски совет.
Судот забележува дека вкупниот износ што бил побаруван во барањето потпишано од сите претставници на жалителите било 10.737 евра, од кои 2.550 евра (1.750 британски фунти (ГБП)) за хонорарите фактурирани од Лорд Лестер од Херн Хил, адвокат и 8.187 евра за трошоците за г-динот Ступек во домашните постапки и оние пред Судскиот совет. Меѓутоа сметката на трошоци изготвена од Лорд Лестер што била приложена со барањето за правичен надоместок, прикажувала хонорари во износ од 11.750 британски фунти (приближно 17.000 евра) плус 1.750 британски фунти за данокот на додадена вредност (ДДВ) за 45 часа правна работа. Другите претставници на жалителите, г-динот Џ. Голдстон и Европскиот центар за правата на Ромите не побаруваа надоместок за своите трошоци.
219. Владата забележа дека покрај деталната листа на правни услуги што тој ги обезбедил, г-динот Ступек не поднел никаква фактура за да докаже дека наведените трошоци и издатоци всушност му биле исплатени од жалителите. Тие не коментираа во однос на разликата меѓу побарувањето за правичен надоместок како што бил формулиран од жалителите и сметката за хонорарот поднесена од лорд Лестер. Владата понатаму посочи дека само дел од жалбата била прогласена за допуштена и понатаму била предмет на испитување од страна на Судот. Затоа тие се изјаснија дека на жалителите не требало да им се додели повеќе од разумен износ (кој не надминува 3.000 евра) од трошоците и издатоците што се побарувале.
220. Судот повторува дека правните трошоци се покриваат само до онаа мерка до која се однесуваат на повредата која била утврдена (види Beyeler v. Italy (правичен надоместок) [GC], no. 33202/96, § 27, 28 May 2002). Во овој случај ова е исклучиво повреда на членот 14 од Конвенцијата разгледан заедно со членот 2 од Протоколот бр. 1. Судот забележува дека лордот Лестер поднел детали за своите професионални хонорар, кои му биле фактурирани на Европскиот центар за правата на Ромите. Г-динот Струпек обезбедил преглед за 172 часа на правни услуги за кои наплаќал по 40 евра на час, на што требало да се додаде стапка од 19% за ДДВ.
Земајќи ги во предвид сите релевантни фактори и правилото 60 § 2 од Деловникот на Судот, Судот им доделува заеднички на сите жалители износ од 10.000 евра за трошоци и издатоци.
В. Казнена камата
221. Судот смета дека е соодветно казнената камата да се заснова на маргиналната стапка на позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Едногласно го отфрла прелиминарниот приговор на Владата;
2. Одлучи со тринаесет гласа наспроти четири дека имало повреда на членот 14 земен во врска со членот 2 од Протоколот бр. 1;
3. Одлучи со тринаесет гласа наспроти четири
(а) дека тужената држава треба да им ги исплати на жалителите, во рок од три месеци, следниве износи заедно со данок што можеби се наплаќа;
(i) на секој од осумнаесетте жалители по 4.000 евра (четири илјади евра) за нематеријална штета, која треба да се конвертира во чешки круни по курсот што ќе важи на датумот на исплатата;
(ii) заедно на сите жалители 10.000 евра (десет илјади евра) за трошоци и издатоци, износ што треба да се конвертира во чешки круни по курсот што ќе важи на датумот на исплатата;
(б) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата проста камата ќе се плаќа на гореспоменатите износи по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка во текот на казнениот период плус три процентни поени;
4. Едногласно го отфрла остатокот од побарувањето на жалителите за правичен надоместок.
Изготвена на англиски и француски јазик, и донесена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 13 ноември 2007 г.
Мајкл О’БојлНиколас Браца
Заменик секретарПретседател
Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, кон оваа пресуда се приложени следниве издвоени мислења:
(а) мислење на несогласување на судијата Зупанчич;
(б) мислење на несогласување на судијата Јунгвиерт;
(в) мислење на несогласување на судијата Борего Борего;
(г) мислење на несогласување на судијата Шикута.
Н.Б.
М. О’Б
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски јазик и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
[1]1. P. Evans (2004), “Educating students with special needs: A comparison of inclusion practices in OECD countries”, Education Canada 44 (1): 32-35.
Full & Egal Universal Law Academy