© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПРВ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ ЃОРЃЕВИЌ против ХРВАТСКА
(Жалба бр. 41526/10)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
24 јули 2012
КОНЕЧНА
24/10/2012
Оваа пресуда стана конечна според член 44 § 2 oд Конвенцијата. Пресудата може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Ѓорѓевиќ против Хрватска,
Европскиот суд за човекови права (Прв оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Anatoly Kovler, Претседател,
Nina Vajić,
Peer Lorenzen,
Elisabeth Steiner,
Khanlar Hajiyev,
Linos-Alexandre Sicilianos,
Erik Møse, судии,
и Søren Nielsen, Секретар на оддел;,
Откако расправше на 3 јули 2012,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 41526/10) против Република Хрватска поднесена пред Судот според член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на двајца хрватски државјани, г-н Далибор Ѓорѓевиќ и г-ѓа Радмила Ѓорѓевиќ („жалителите“), на 12 јули 2010.
2. Жалителите, на кои им беше доделена правна помош, беа застапувани од г-ѓа И. Бојиќ, адвокат од Загреб. Хрватската Влада („Владата“) беше застапувана од нејзиниот агент, г-ѓа Ш. Стажник.
3. На 10 септември 2010 Претседателот на Првиот оддел одлучи да ја комуницира жалбата до Владата. Беше исто така одлучено во исто време да се донесе одлука за допуштеноста и основаноста на жалбата (член 29 § 1).
4. И жалителите и Владата поднесоа опсервации за допуштеноста и основаноста на случајот. Понатаму, беа доставени и коментари на трета страна вмешувач од организацијата European Disability Forum, на која ѝ беше дозволено да учествува во писмениот дел од постапката (член 36 § 2 од Конвенцијата и правило 44 § 3). Tужената Влада одговори на тие коментари (правило 44 § 6).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
5. Жалителите се родени во 1977 и 1956 соодветно и живеат во Загреб.
6. Првиот жалител е лице на кое му е одземена деловната способност како последица на неговата ментална и физичка ретардација. Тој посетува работилница за возрасни во основно училиште В.Б. во Загреб дванаесет часа неделно. За него се грижи неговата мајка, втората жалителка. Медицинската документација од 16 јуни 2008 поднесена во врска со првиот жалител ја опишува неговата здравствена состојба на следниот начин:
„... во раното детство тој имал пурулентен менингитис, кој предизвикал трајни последици и епилепсија. Тој е со пречки во неговиот ментален и физички развој и е под постојан надзор на невролог и психијатар. Како последица на хидроцефалија нему му била поставена Пуденз валвула [вид на свртница за цереброспинална течност] ...неговиот вид е многу отежнат...и тој е зависен од неговата мајка за хранење, облекување, лична хигиена и движење. Неговиот ‘рбет е подвижен но, има болки во долниот дел...тој има сериозни деформации на стапалото, ...има потешкотии при одење, не може да оди на прсти и петици. Ментално тој е емотивно оддалечен, плашлив и има мал вокабулар. ...“
7. Жалителите живеат во стан на приземје во зграда во Шпанско, дел од Загреб. Основното училиште А.К. е во нивното блиско соседство.
8. Се чини дека жалителите биле вознемирувани помеѓу јули 2008 и февруари 2011. Тие тврдат дека ученици од основното училиште А.К., сите од нив малолетници, често ги вознемирувале, а особено првиот жалител, во секој дел од денот, а особено кога учениците се враќаат дома од училиште во групи и доцна попладне и навечер кога се собираат без родителски надзор на и околу дрвена клупа пред балконот на станот на жалителите. Вознемирувањето траело околу четири години и е мотивирано од здравствената состојба на првиот жалител и српското потекло на двајцата жалители. Поголема група на деца, исто така малолетници, доаѓале секојдневно во паркот пред станот на жалителите, извикувале непристојни зборови кон првиот жалител, го навредуле и пишувале навредливи пораки на тротоарот. Децата често ѕвонеле на ѕвоното на жалителие, прашувајќи кога првиот жалител ќе излезе. Тие често плукале по првиот жалител.
9. Полициски записник од 31 јули 2008 покажува дека втората жалителка ја повикала полицијата во 21 часот и 12 минути и се жалела дека непознати млади лица го вознемирувале нејзиниот син и уништиле некои предмети на нејзиниот балкон. Полицијата пристигнала во домот на жалителите во 21 часот и 30 минути и втората жалителка им кажала дека околу 18 часот таа и првиот жалител го напуштиле станот и дека кога се вратиле во околу 21 часот таа видела дека балконот бил уништен а саксиите за цвеќиња биле превртени. Таа исто така ѝ кажала на полицијата дека децата од соседството го вознемирувале првиот жалител подолго време поради неговата метална ретардација. Таа дала имиња на две од децата.
10. На 2 март 2009 Центарот за социјална работа во Суседград наредил надзор над родителската грижа на Д.К., ученик во основното училиште А.К. во Загреб, поради неговите лоши оценки на училиште, проблематично однесување и склоност кон вршене кривични дела. Не било споменато неговото учество во вознемирувањето на жалителите.
11. Медицинскиот извештај подготвен на 6 април 2009 покажува дека првиот жалител бил психички и физички вознемируван на улицата и дека имал изгореници од цигари на двете дланки. Лекарот побарал од органите за социјална заштита да започнат постапка за заштита на првиот жалител како лице со сериозни ментални нарушувања и го опишал како мирна и бенигна личност која не можела и не знаела како да се одбрани себеси од вознемирувачите.
12. Во писмо испратено на 20 април 2009 до Народната правобранителка за лица со инвалидитет, втората жалителка се жалела дека на 4 април 2009 две деца, Д.К. и И.М., го воземирувале првиот жалител. Таа тврдела дека додека се возеле на велосипед тие се приближиле до првиот жалител и ги изгореле неговите со цигари. Таа исто така се жалела дека првиот жалител бил континуирано вознемируван од децата кое учеле во училиштето во близина на нивниот дом поради неговата ментална ретардација и дека втората жалитела многу пати се жалела до Центарот за социјална работа во Суседград и дирекцијата на основното училиште А.К.. но, без успех.
13. Истиот ден адвокатот на жалителот се жалел до полицијата за инцидентот од 4 април 2009.
14. Полициски записник од 5 мај 2009 покажува дека на тој ден во просториите на Полициската станица Загреб II полицијата го сослушала Д.К., роден во 1997, и П.Б., роден во 1995. Релевантниот дел од записникот во однос на Д.К., гласи:
„Запрашан дали се сеќава за настанот од 4 април 2009 во ...Загреб [Д.К.] вели дека околу пладне тој бил таму со неговиот пријател И.М., кој учел во седмо одделение во основното училиште А.К., и дека П.Б., постаро момче, дошло со двајца мажи, кои тој не ги познавал, кои играле со топка. Лице кое е со инвалидитет и има проблеми од раѓањето и кое живее во зграда на ... улица си играло помеѓу зградите. Во еден момент П.Б. запалил цигара, се приближил до Далибор и ја горел неговата десна рака неколу пати, после што сите избегале затоа што лицето почнало да вика.“
Релевантниот дел од записникот во однос на П.Б. гласи:
„Запрашан дали се сеќава за настаните од 4 април 2009 во ... Загреб, во врска со вознемирувањето на лице со инвалидитет, Далибор Ѓорѓевиќ, [П.Б.] вели дека тој не бил таму присутен туку дека на почетокот на таа недела во текот на утринскиот одмор тој се сретнал со Д.К., кој учи петто одделение во истото училиште и кој му кажал дека тој [Д.К.] и И.М. саботата околу пладне со цигара ја изгореле раката на лице кое се викало Далибор на...улица кој живее на таа улица и кој е со инвалидитет.
Запрашан дали знае како тоа лице изгледа, тој одговара дека тој порано одел да игра на таа улица со други момчиња од соседството и го видел тоа лице, кое имало околу триесет години, има силна градба, бил кратковид, има кратка малку побелена коса, светол тен и зборува со потешкотии. Тоа лице игра со другите деца кои се шегуваат на негова сметка а тој ги брка и тепа.“
15. Полициски записник од 7 мај 2009 покажува дека тој ден во просториите на полициската станица Загреб II го испрашал И.М, роден во 1994. Релевантниот дел од извештајот гласи:
„Запрашан дали се сеќава на настанот од 4 април 2009 во...Загреб, во врска со вознемирувањето на лице со инвалидитет, Далибор Ѓорѓевиќ, на возраст помеѓу триесет и четириесет години, [И.М.] вели дека тој се сеќава на тој настан, дека било сабота ... и дека тој го зел својот велосипед и отишол ...со Д.К. до ... улица, каде го виделе Далибор, лице кое е со инвалидитет од раѓање, помеѓу зградите, како игра со топка со некои деца кои му ја зеле топката и не сакале да ја вратат. Кога тој го видел тоа, тој [И.М.] ги прашал децата зошто не му ја враќале топката на Далибор а Далибор почнал да вреска и да мавта со рацете. Децата тогаш ја фрлиле топката а тој ја зел. Тој [И.М.] држел цигара во неговата лева рака ... и како што поминувал покрај Далибор со велосипед тој [Далибор] почнал да мавта со неговите раце и го удрил по раката во која тој ја држел цигарата и така Далибор ја изгорел својата рака. Тој е сигурен дека го изгорел Далибор само еднаш и тој жали поради тоа. Тој не разбира зошто Далибор реагирал на таков начин затоа што не била негова [на И.М.] вина што некои деца му ја зеле топката. Ученикот П.Б. не бил со нив.
...
Запрашан дали Далибор имал проблеми со други деца, [И.М.] одговара дека тој е често на таа улица на која Далибор игра со топка со другите момчиња и дека тие деца му се смејат на Далибор заради неговата болест ...и дека тој ги брка и ги стигнува.
На крај на мајката [на И.М.] Р. ѝ било советувано да обрати внимание на однесувањето на И.М. Таа рекла дека таа немала никакви проблеми со него и дека не знаела зошто тој го сторил ова.“
16. На 19 мај 2009 полициската станица Загреб II испратила извештај до Канцеларијата за малолетници на јавниот обвинител во Загреб во кој било наведено:
- на 16 април 2009 полицијата доби писмо од Центарот за социјална работа во Суседград во кое стои дека центарот добил писмо од втората жалителка во кое таа тврдела дека нејзиниот син бил малтретиран од страна на Д.К. и други лица и дека доставила лекарска документација;
- на 30 април 2009 полицијата доби писмо од Народната правобранителка за лица со инвалидитет во кој таа кажа дека и таа добила писмо од втората жалителка која побарала помош за честото вознемирувње на првиот жалител.
Полицијата исто така ја информирала Канцеларијата за малолетници на Јавното обвинителство во Загреб за разговорите кои ги направила со децата Д.К., И.М. и П.Б.
17. Во писмо од 20 мај 2009 полицската станица Загреб II ја информирала Правобранителката дека бил направен разговор со децата И.М. и Д.К., дека го контактирала директорот на основното училиште А.К., дека полициските службеници од станицата биле известени за проблемите и дека редовно патролирале на улиците за кои станува збор.
18. На 17 јули 2009 полицијата го информирала Центарот за социјална работа во Суседград дека таа утврдила дека на 4 април 2009 околу пладне првиот жалител си играл со топка на улицата со некои момчиња од соседството кои му ја зеле топката, што го вознемирило. Кога момчињата, И.М. и Д.К. поминале покрај првиот жалител мавтал со рацете и дека И.М. ненамерно ги изгорел неговите дланки.
19. На 16 јули 2009 Центарот за социјална работа во Суседград подготвил извештај за првиот жалител. Релевантниот дел од извештајот гласи:
„ ...
На 6 август 2008 мајката [на првиот жалител] Радмила се пожали кај нас за вознемирувањето на Далибор, тврдејќи дека децата ... ги посетувале девојчињата В.К. и И.К., кои живееле во нивната зграда. Девојчињата К. рекле дека тие не го вознемирувале Далибор и дека водач на групата била Х.Б.
Се договориле со девојчињата К. и нивната мајка Ј.Ф. дека девојчињата нема повеќе да се собираат пред нивната зграда и дека за тоа ќе најдат друго место за да се избегнат конфликти.
Х. и нејзините родители беа повикани во оваа канцелаија. Х. кажа дека таа нема повеќе да доаѓа пред таа зграда и имало мир некое време.
После тоа почнале да доаѓаат различни групи на момчиња, така што г-ѓа Ѓорѓевиќ не ги знаела нивните имиња, но дека знаела тие учеле во основното училиште А.К..
Г-ѓа Ѓорѓевиќ повторно се жалеше на вознемирување на 8 април 2009 кога Далибор бил изгорен на рацеге и таа кажа дека вознемирувањето продолжило.
На 17 јуни 2009 беше направен разговор со г-ѓа Ѓорѓевиќ. Таа кажа дека проблемите продолжиле. Постојано имало некои нови деца кои го провоцирале Далибор, воглавно познаници на девојчињата К. Било мирно два или три дена а потоа проблемите повторно почнувале. Таа имала добри однос со училишниот психолог, дефектолог и директорот.
Изјавата на г-ѓа Ѓорѓевиќ: „На 16 јуни 2009 прво дојдоа девојчињата и стоеја покрај клупата. Г-ѓа Ѓорѓевиќ го викнала Далибор да влезе внатре затоа што знаела колку тој се плаши од нив. Тие рекоа дека тој не мора да се плаши затоа што тие наскоро ќе си заминеле. Тогаш група од момчиња дојде и истури вода од балон врз Далибор. “
Г-ѓа Ѓорѓевиќ исто така кажа дека во последно време В.К. повторно почнала да собира деца пред зградата, што го вознемирило Далибор.
Полицијата и училиштето биле известени за горните настани.
Дирекцијата на училиштето разговарала со сите деца кои биле пријавени и со нивните родители.
Полицијата направила истрага и разговарала со децата кои биле присутни кога Далибор бил изгорен.
За да спречиме понатомошно вознемирување ние испративме писмо до дирекцијата на училиштето и побаравме да одржат средби со сите деца и родители на почетокот на училишната година, во сите одделенија, да ги информираат сите за проблемот и да појаснат дека сите се одговорни за млатретирањето додека извршителите не бидат откриени. Исто така беше предложено да се одржат предавања и работилници со децата со цел тие да разберат дека постојат лица со инвалидитет кои ги имаат истите права како и другите – да се шетаат и да живеат надвор од нивните станови без да бидат вознемирувани од никого.
Беше договорено со полицискиот службеник И.М. од полицската станица II дека полицијата која е надлежна за тоа соседство ќе обрати повеќе внимание и почесто ќе патролира на таа улица за да ги открие извршителите на вознемирувањето.
На 14 јули 2009 беше посетено семејството, но само Далибор беше дома, тој не знаеше каде е неговата мајка и исто така кажа дека во последно време децата не го вознемирувале. Далибор беше во станот и немаше деца околу зградата.
...“
20. На 27 јули 2009 Канцеларијата на јавното обвинителство во Загреб ја информирала втората жалителка дека извршители на кривичното дело насилство според член 331 § 1 oд Кривичниот законик биле Д.К. и И.М., кои биле деца помлади од четиринаесет години, и дека затоа не можело да се поведе кривична постапка против нив. На втората жалителка ѝ била дадена поука дека може да поднесе барање за надомест на штета во граѓанска постапка.
21. Полициски записник од 5 септември 2009 покажува дека дента кога втората жалителка ја повикала полицијата во 20 часот и 40 минути жалејќи се на бучава во паркот. Кога полицијата пристигнала во 20 часот и 45 минути, втората жалителка кажала дека во меѓувреме децата си заминале.
22. Лекарски извешај за првиот жалител направен на 8 септември 2009 покажува дека тој бил постојано вознемируван од деца, кои му ги изгореле рацете, му довикувале и биле гласни пред балконот на жалителите. Било посочено дека е неопходно првиот жалител да поминува време надвор од станот.
23. Извештај подготвен на 17 септември 2009 од страна на Центарот за социјална работа во Суседград посочува дека вработените на Центарот разговарале со И.М. и неговата мајка. Затоа што И.М. покажал жалење за инцидентот од 4 април 2009, немало потреба за дополнителни мерки.
24. На неопределен датум во септември 2009 директорот на основното училиште А.К. испратил писмо до родителите со кое ги информирал дека во нивното соседство живее Далибор, млад човек со инвалидитет кој бил често вонемируван од учениците. Тој изречно кажал дека децата признале дека направиле „повеќе брутални акти“ против него, како што се понижувачки коментари, користење навредливи зборови и пцуење, провокативно однесување, одземање на неговата топка и горење на неговите раце со цигари. Родителите биле замолени да разговараат со нивните деца и да ги предупредат за можните последици од нивното однесување.
25. Релевантниот дел од писмениот записник од средбата со родителите и наставниците одржана на 30 септември 2009 во основното училиште А.К. гласи:
„...
На сите родителски средби во новата училишна година им обрнавме внимание на родителите за младиот човек со посебни потреби кој живее во близина на училиштето и кој е вознемируван од ученици од нашето училиште, воглавно вербално но понекогаш и физички. Неговата мајка често бара помош од вработените во училиштето, а исто така се вклучени и Центар за социјална работа како и Народната правобранителка за лица со инвалидитет. Родителите беа замолени да разговараат со нивните деца и да ја подигнат нивната свест за проблемот на прифаќање на различноста и потребата за мирна коегзистенција.
Присутни родители коментираа за случајот. Некои од нив споменаа дека младиот човек понекогаш бил исто така агресивен, дека неесодветно им пристапувал на млади девојчиња и дека тие се плашеле од него и настојувале да го избегнуваат просторот каде што тој вообичаено се наоѓал. Некои исто така коментираа дека тој не требало да оди во јавност и дека времето треба да го поминува во услови кои се соодветни за него или во паркот под постојан надзор на старател Директорот ги нотираше сите коментари и вети дека ќе го контактира надлежниот Центар за социјална работа.
..“
26. На 1 октомври 2009 адвокатот на жалителите испратил писмена пријава до Канцеларијата на јавниот обвинител во Загреб. Таа навела дека нејзините клиенти се хрватски државјани со српско потекло, мајка и син кој имал ментална и физичка ретардација. Таа објаснила дека нејзините клиенти живееле на оддалеченост од седумдесет метри од основното училиште А.К. и дека биле постојано вознемирувани од ученици, во секое време од денот, а најмногу кога децата се враќале од училиште во групи, касно попладне и навечер кога се собирале околу клупа пред балконот на жалителите без надзор од родителите. Таа навела дека вознемирувањето траело веќе четири години и било мотивирано од српското потекло на жалителите и инвалидитетот на првиот жалител. Група од деца на возраст од десет до четиринаесет години секојдневно доаѓале пред нивната зграда, дофрлувајќи навреди и непристојни зборови и навредувајќи ги. Тие исто така пишувале навредливи зборови на тротоарот пред зградата.
Адвокатот исто така го опишала инцидентот од 4 април 2009. Повикувајќи се на член 8 и 13 од Конвенцијата, таа се жалела дека немало ефикасен правен лек во хрватскиот правен сситем за заштита од насилни акти направни од деца.
Таа исто така ги опишала настаните од 5 и 7 септември 2009, кога група деца го навредила првиот жалител а, на вториот датум, му ја зела топката. На 10 септември 2009 група на момчиња уринирала пред вратата на жалителите. На 14 септември 2009 околу четиринаесет ученици од четврто и петто одделение го турнале првиот жалител, го навредиле и му ја зеле топката. Следниот ден едно момче довикувало навреди кон него.
Таа исто така тврдела дека во најмалку десет наврати децата физички го нападнале првиот жалител и често плукале врз него. На 31 јули 2008 децата го уништиле балконот на жалителите со корнење на саксиите за цвеќиња и со фрлање камења и кал на балконот. Неколку дена покасно тие фрлиле пакување чоколадно млеко на балконот.
Втората жалителка го пријавила вознемирувањето на социјалните служби, полицијата, Народната правобранителка за лица со инвалидитет и училишната дирекција. И покрај добрата волја на тие кои биле известени, вознемирувањето на жалителите продолжило.
27. Медицински извештај за првиот извештај кој бил подготвен на 7 октомври 2009 покажува дека тој бил постојано вознемируван од децата.
28. Медицинскиот извештај за првиот жалител од 9 ноември 2009 посочува дека тој бил нападнат од децата неколку дена претходно, што силно го вознемирило. Била препорачана психотерапија.
29. Медицинскиот извештај за првиот жалител од 14 ноември 2009 посочува дека „сите безмилосно го удирале со топки снег“, што него го уплашило.
30. Медицинскиот извештај за првиот жалител од 14 јануари 2010 посочува дека првиот жалител имал постојана анксиозност и чувство дека е прогонуван затоа што „ништо не било преземено за да се реши неговата ситуација“.
31. Полициски записник од 19 март 2010 покажува дека втората жалителка ја повикала полицијата тој ден околу 21 часот и 18 минути заради „проблеми со деца“. Кога полицијата пристигнала во 21 часот и 25 минути втората жалителка кажала дека децата си играле со топка во паркот и го погодиле нивниот прозорец со топката и побегнале.
32. Медицинскиот извештај за првиот жалител од 11 април 2010 посочува дека првиот жалител бил нападнат од група на деца и бил удрен со топка по носот.
33. Жалителите тврдат дека на 13 мај 2010 група на деца, во која било едно момче, П., го турнала првиот жалител во железна ограда во паркот. Тој паднал и ја удрила главата и десната нога. Тој бил дезориентиран и некомуникативен три дена. Медицинската документација од тој ден покажува дека неговата десна нога била отечена и имал изгребаница на левата страна на челото. Тој не можел да оди пет дена, а втората жалителка морала за него да позајми инвалидска количка. Медицинскиот извештај исто така покажува дека првиот жалител неправилно застанал и го изместил глуждот и исто така ја повредил главата.
34. На 14 мај 2010 втората жалителка се жалела до полицијата дека на 13 мај 2010 некое момче, П.Б., го турнал првиот жалител во ѕид и исто така му ја зел топката.
35. На 20 мај 2010 адвокатот на жалителите испратила допис до Канцеларијата на јавното обвинителство во Загреб во кој се жалела дека од нејзиниот последен допис од септември 2009, имало нови инциденти на насилство и вознемирување против жалителите. Релевантниот дел од дописот гласи:
„...
На 5 ноември 2009 две момчиња, од кое едното било П., вербално го вознемирувале првиот жалител, што него го уплашило.
Втората жалителка го информирал директорот на училиштетот за инцидентот но, не добила одговор.
На 14, 18 и 21 декември 2009 група на деца фрлала снег кон прозорецот на жалителите и во еден од тие наврати го покриле нивниот балкон со снег.
На 15 декември 2009 група ан деца вербално го нападнале првиот жалител на улицата На 22 февруари 2010 втората жалителка била повикана од социјален работник од Центарот за социјална работа во Суседград, Ј.С., кој ѝ кажал дека единствениот начин да се разреши ситуацијата бил да се поднесе граѓанска тужба.
На 19 март 2010 децата постојано фрлале со топка кон прозорците на жалителите, за што полицијата била информирана. На 20 март 2010, додека првиот жалител бил во автобус, децата го извикувале неговото име, што него го вознемирило.
На 10 април 2009 момче со име Р. го удрило првиот жалител по носот со топка, што него го дезориентирало и му нанесло болка. Втората жалителка за тоа ја информирала полицијата. Полицијата направила двочасовен разговор со неа и изразила жалење но, ја информирала втората жалителка дека ништо не може да се стори затоа што било каква истрага би покажала дека децата само се шегувале.
На 13 мај 2010 група деца, во која бил и П., го турнале првиот жалител во железна ограда во паркот. Тој паднал и ја повредил главата и десната нога. Тој бил дезориентиран и некомуникативен три дена.
На 18 мај 2010, кога првиот жалител седел на нишалка, група на деца се приближиле и непристојно гестикулирале и му рекле оти тој е глупав.“
36. Истиот ден адвокатот се жалела за вознемирвањето на жалителите до Народната правобранителка за деца и побарала совет.
37. Жалителите тврдат дека на 24 мај 2010 група момчиња го турнала првиот жалител со главата кон железна ограда во паркот и рекоа дека мочињата уживале во тоа. Медицински извештај за првиот жалител напишан истиот ден посочува дека тој бил турнат кон железна ограда и ја повредил главата при тоа.
38. На 25 мај 2010 Канцеларијата на Јавното обвинителство во Загреб го инфомирала адвокатот на жалителите дека немала надлежност за случајот затоа што станувало збор за деца кои не можеле да одговараат кривично.
39. На 26 мај 2010 директорот на основното училиште А.К. го информирала адвокатот на жалителите дека дирекцијата ги презела сите мерки кои сметала дека се соодветни, како што се разговори со учениците за кои станува збор и давање на информации на сите родители на родителски средби за проблемите кои жалителите ги имале со учениците.
40. На 31 мај 2010 Народната правобранителка за деца го информирала адвокатот на жалителите дека не била надлежна за случајот.
41. Медицински извештај за првиот жалител изработен на 29 јуни 2010 посочува дека тој бил континуирано изложен на напади од децата во соседството.
42. Mедицински извештаи за првиот жалител составени на 29 јуни, 25 октомври и 24 ноември 2010 и на 9 февруари 2011 посочуваат дека првиот жалител бил континуирано изложен на напади од децата во соседството.
43. На 1 јули 2010 полицијата направила информативен разговор со П.Б., ученик кој учел во основното училиште А.К., во врска со инцидентите од 13 и 14 мај 2010, кој го негирал своето учество во нив.
44. Жалителите тврдат дека на 13 јули 2010 во 21 часот четири момчиња и едно девојче повторувале непристојни коментари со висок тон под прозорецот на жалителите. Кога втората жалителка ги замолила да бидат тивки тие одговориле провокативно, користејќи српски дијалект и директно алудирајќи на српското потекло на жалителите, велејќи ѝ: „Викни ја бре полицијата, ние не се плашиме (zovi bre policiju, mi se ne bojimo)“. Втората жалителка го пријавила овој инцидент на 14 јули 2010 кај социјалниот работник од Центарот за социјална работа во Суседград, г-ѓа Ј.С.
45. На 19 јули 2010 од Центарот за социјална работа во Суседград разговарале со В.К., која живеела во истата зграда како и жалителите. Таа негирала дека учествувала во вознемирувањето на жалителите. Таа исто така рекла дека деца и алкохоличари често се собирале на клупата пред зградата во која таа живеела и гласно викале, што исто така го иритирало и нејзиното семејство.
46. На 2 август 2010 Центарот за социјална работа во Суседград ја информирала полицијата дека втората жалителка се жалела на континуираното вознемирување и насилство врз првиот жалител. Било побарано од полицијата да преземе соодветни мерки.
47. На 26 август 2010 полицијата го сослушала З.Б., ученик кој учел во основното училиште А.К., и кој негирал било какво учество во вознемирувањето на првиот жалител.
48. На 27 август 2010 втората жалителка побарала од Општината Загреб дрвената клупа под нивниот прозорец да биде отстранета.
49. Жалителите тврдат дека на 31 август околу 15 часот, кога тие се враќале од продавница, момче кое тие го знаеле како М. поминало покрај нив со велосипед и извикувало навреди кон првиот жалител, велејќи, помеѓу другото: „Далибор е педер“. Првиот жалител се чувствувал екстремно нервозно и под стрес.
50. Жалителите тврдат дека на 1 септември 2010 во 18 часот и 45 минути три момчиња на велосипеди дошле пред нивниот прозорец и фрлиле отпадоци и викале. Во 19 часот и 20 минути повеќе деца се собрале околу дрвената клупа пред прозорецот на жалителите и повеќе пати удирале по метална ограда која била во близина, на тој начин правејќи многу бучава. Тие исто така фрлиле камен кон прозорецот на жалителите и гласно и непристојно коментирале. Затоа што полицијата не дошла, таа повторно ја повикала во 10 часот и 28 минути. Од полицијата кажала дека нема да дојдат туку дека имале и други повици на кои морале да одговорат. Полицијата пристигнала во околу 10 часот и 32 минути и им кажала на децата да се преместат неколку метри подалеку од прозорецот на жалителите. Полицијата не се обидела да ги идентификува децата. Полициски записник од тој ден покажува дека во 21 часот и 21 минута втората жалителка ја повикала полицијата и се жалела за врева во паркот. Кога полицијата пристигнала во 22 часот и 35 минути немало никого пред зградата.
51. Жалителите тврдат дека на 3 септември 2010 група од околу десет деца се собрале околу клупата и правеле неподнослива врева. Во 22 часот и 15 минути втората жалителка ја повикала полицијата, која пристигнала во 22 часот и 40 минути и им наредила на децата да си заминат без, сепак, да се обиде да ги идентификува. Полициски записник од тој ден посочува дека во 22 часот и 20 минути втората жалителка се јавила во полиција и се жалела на вревата во паркот. Кога полицијата пристигнала во 22 часот и 25 минути таму немало никој.
52. Жалителите тврдат дека на 5 септември 2010 во 21 часот забележале, враќајќи се од црква, дека непозната бела супстанца била фрлена вез нивниот прозорец додела не биле дома. Исто така имало некои деца под нивниот прозорец кои врескале. Во 22 часот втората жалителка ја повикала полицијата. Жалителите исто така тврдат дека на 7, 8, 14, 23 и 27 септември 2010, децата се собрале околу клупата и правеле неподнослива врева.
53. На 23 септември 2010 полицијата го испрашала И.С., ученик од основното училиште А.К., кој негирал какво било учество во вознемирувањето на првиот жалител.
54. Жалителите тврдат дека на 2 октомври 2010 пет момчиња се собрале околу клупата и правеле врева. Во 19 часот и 40 минути седум момчиња фрлале топки кон прозорецот на жалителите и правеле врева до касно во ноќта. Во 11 часот и 38 минути втората жалителка ја повикала полицијата, која пристигнала петнаесет минути после полноќ и им кажала на момчињата да си заминат без да им постават било какви прашања или да направат било каков обид да ги идентификуваат. Полициски записник од тој ден посочува дека првиот жалител ја повикал полицијата во 11 часот и 40 минути и се жалел за бучавата. Кога полицијата пристигнала петнаесет минути после полноќ не нашла никого.
55. Жалителите исто така тврдат дека на 4 октомври 2010 во 4 часот наутро биле разбудени од аларм во автомобил под нивниот прозорец. Некои деца удирале по надворешниот ѕид на нивниот стан, правејќи многу врева. Зајакот милениче на првиот жалител починал таа ноќ и тој ја поврзал неговата смрт со настаните од таа ноќ, што премногу го вознемирило. На 15 октомври 2010, додека жалителите биле отсутни, некој плукал по прозорецот на нивната дневна соба покривајќи го во целост со плунка. На 23 октомври и 7, 14 и 19 ноември групи деца се собирале околку клупата, правејќи многу врева.
56. На 17 ноември 2010 Општината Загреб ја информирала втората жалителка дека нејзиното барање за отстранување на клупата под балконот на станот на жалителите било одбиено.
57. Жалителите тврдат дека на 22 ноември 2010, враќајќи се од продавница, група деца викала по нив: „Далибор, Далибор!“ Првиот жалител бил парализиран од страв и ја прашал мајка си зошто не го оставале на мир. Втората жалителка испратила допис до канцеларијата на Претседателот на Хрватска и Народната правобранителка за лица со инвалидитет за вознемирувањето на нејзиниот син, барајќи нивна помош во врска со отстранувањето на клупата. На 5 декември 2010 околу полноќ некои деца фрлале топки од снег кон прозорецот на жалителите, што го преплашило првиот жалител.
58. На 14 декември 2010 Народната правобранителка за лица со инвалидитет ѝ препорачала на Општината Загреб клупата да биде отстранета. Клупата била отстранета во февруари 2011. Жалителите тврдат дека некои деца уништиле метален контејнер под нивниот прозорец каде биле лоцирани гасометрите.
59. Жалителите тврдат дека понатамошни инициденти се случиле на следниот начин. На 5 февруари 2011 група деца провокативно довикувала кон втората жалителка на улица, користејќи го српскиот дијалект („De si bre?“). На 8 февруари 2011 жалителите отишле на фризер, свртувајќи со цел да ги избегнат децата. Сепак, тие се сретнале со група деца која провокативно довикувала „Далибор!“. На 13 февруари 2011 во 12 часот и 30 минути седум момчиња трчале околу станот на жалителите, се качиле на нивниот балкон, гледале низ прозорецот и гласно се смееле. Во 21 часот и 45 минути група момчиња ја пееле песната „Ние сме Хрвати“ под прозорецот на жалителите.
60. Медицински извештај од 9 март 2011 за првиот жалител посочува дека како последица на стресот тој често ги грицкал усните и тупаниците, и дека имал грч на левото око и симптоми на псоријаза. Во извештајот се споменувало исто така дека тој често бил напаѓан и исмејуван и дека било неопходно да се обезбеди мирна и пријателска средина за него.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
A. Устав
1. Релевантни одредби
61. Релевантните одредби на Уставот на Република Хрватска (Ustav Republike Hrvatske, Службен весник бр. 56/1990, 135/1997, 8/1998 (пречистен текст), 113/2000, 124/2000 (пречистен текст), 28/2001 и 41/2001 (пречистен текст), 55/2001 (исправка) и 76/2010) гласат:
член 14
„Секој во Република Хрватска има права и слободи без оглед на неговата раса, боја на кожа, пол, јазик, вера, политичко или друго уверување, национално или социјално потекло, сопственост, раѓање, образование, социјален статус или други карактеристики.
Сите се еднакви пред законот.“
член 21
„Секое човечко суштество има право на живот.
...“
член 23
„Никој не може да биде подложен на злоупотребување ...
...”
член 35
„Секој има право на почитување на и правна заштита на неговиот или нејзиниот приватен и семеен живот, достоинство, углед и чест.“
член 140
„Меѓународните договори кои се склучени и потврдени во согласност со Уставот и објавени, а кои се во сила, претставуваат дел од внатрешниот правен поредок на Република Хрватска и по правна сила се над [домашните] закони. ...“
2. Судска пракса на Уставниот суд
62. Во неговите одлуки бр. U-I-892/1994 oд 14 ноември 1994 (Службен весник бр. 83/1994) и U-I-130/1995 oд 20 февруари 1995 (Службен весник бр. 112/1995) Уставниот суд има одлучено дека сите права гарантирани со Конвенцијата и нејзините протоколи исто така требало да се сметаат за уставни права кои имаат еднаква правна сила со одредбите на Уставот.
Б. Кривичен законик
63. Релевантниот дел на Кривичниот закон (Kazneni zakon, Службен весник бр. 110/1997) гласи:
член 10
„Кривичното законодавство не се применува на дете кое во времето кога тој или таа извршила кривично дело сѐ уште немало наполнето четиринаесет години.“
В. Закон за прекршоци
64. Релевантниот дел од Законот за прекршоци (Prekršajni zakon, Службен весник бр. 107/2007) гласи:
член 9
„(1) Лице кое во времето на извршување на прекршок сѐ уште немало наполнето четиринаесет години не одговара за прекршок.
(2) Кога лицето од став 1 од овој член често се однесува на начин со кој се остваруваат обележјата на тешки прекршоци, надлежното државно тело ќе ги информира родителите или старателите на лицето и надлежниот центар за социјална работа за однесувањето на лицето.
(3) Родителот на ... лице од став 1 од овој член ќе биде казнет за прекршок направен од тоа лице кога направениот прекршок е директно поврзан со пропуштен надзор над тоа лице ...“
Г. Закон за управните спорови
65. Законот за управни спорови (Zakon o upravnim sporovima, Службен весник на Социјалистичка Федеративна Република Југославија бр. 4/1977, и Службен весник на Република Хрватска бр. 53/1991, 9/1992 и 77/1992 –во сила до 31 декември 2011) во својот релевантен период предвидуваше:
член 66
“По барање за заштита на уставно заштитено право или слобода ...ако такво право или слобода било повредено со поединечен конечен акт [што значи, одлука], и не е обезбедена друга судска заштита, ќе одлучи [Управниот суд], применувајќи ги, mutatis mutandis одредбите на овој Закон.“
66. Членовите 67-76 предвидуваат специјала постапка за заштита на уставно заштитените права и слободи од незаконски фактички (физички) акти од јавни службеници кога нема друг судски лек. Според судската пракса на домашните судови, заштитата против незаконити „акти“ исто така се однесува и на пропуштања (на пример, Управниот суд во неговата одлука бр. Us-2099/89 oд 21 септември 1989 и Врховниот суд во неговата одлука бр. Gž-9/1993 oд 6 април 1993 одлучил дека пропуштањето на управните органи да спроведат нивна извршна одлука претставувало „незаконски акт“ во смисла на член 67 од Законот за управни спорови).
67. Според член 67 таква постапка се поведува со „тужба за заштита од незаконито дејствие“ (tužba za zaštitu od nezakonite radnje) до надлежен општински суд. Тужбата мора да биде поднесена против јавен орган кој е одговорен за дејствието (или пропуштањето) (тужениот).
68. Според член 72 тужбата треба да се испрати до државниот орган за кој станува збор на одговор во рокот кој е определен од судот кој ја води постапката. Сепак, може да се донесе одлука и без таков одговор кога поднесоците во тужбата даваат доволна основа за одлука.
69. Член 73 предвидува дека судот одлучува мериторно за случајот со пресуда. Ако одлучи во корист на тужителот, судот му наредува на тужениот да престане со незаконското дејствие и, ако е неопходно, наредува враќање во поранешна состојба.
70. Член 74 предвидува дека во постапка по „тужба за заштита од незаконито дејствие“ судот ги применува, mutatis mutandis, одредбите од Законот за граѓанска постапка.
Д. Закон за облигациони односи
71. Релевантниот дел на Законот за облигациони односи (Zakon o obveznim odnosima, Службен весник бр. 35/2005 и 41/2008 – „Закон за облигациони односи од 2006“), кој влесе во сила на 1 јануари 2006 и го укина стариот Закон за облигациони односи од 1978, гласи:
Права на личноста
Член 19
„(1) Секое физичко или правно лице има право на заштита на своите права на личноста (prava osobnosti) според условите предвидени со закон.
(2) Права на личноста во смисла на овој Закон се право на живот, на физичко и ментално здравје, углед, чест, достоинство, име, приватност на личниот и семејниот живот, слобода, итн.
(3) Правно лице ги има сите наведени права на личноста – освен оние кои се поврзани со биолошкиот карактер на физичкото лице – и, особено, правото на углед и добар глас, чест, име или име на компанија, деловна тајна, претприемничка слобода, итн.“
Член 1046
„Штета е ...повреда на правото на почитување на личното достоинство (нематеријална штета).“
Барање да се престане со повреда на правата на личноста
Член 1048
„Секој може да побара од суд или друг надлежен орган да нареди престанување на десјтвие со кое се повредуваат неговите или нејзините права на личноста и отстранување на последиците од тоа дејствие.“
Релевантна судска пракса
72. Што се однесува на тоа кои права на физичките лица, покрај оние кои се наброени во член 19 до Законот за облигациони односи, треба да се сметаат за права на личноста, треба да се воочи дека само следните права досега биле толкувани како права на личноста на хрватските судови: право на живот, право на физички и психички интегритет (здравје), право на слобода, право на углед и чест, право на приватност на личниот и семејниот живот, право на тајност на писмата и личните ракописи, право на личен идентитет (особено правото на своја слика, глас и име) и моралните права на автори.
73. Релевантните одредби од одлуката на Уставниот суд, бр. U-III-1437/2007 oд 23 април 2008, во однос на правото на надомест на штета за правото на личен интегритет, гласи:
„...
Член 1046 од Законот за граѓански облигации ја дефинира нематеријалната штета како повреда на правото на почитување на личниот интегритет. Со други зборови, секоја повреда на правото на личноста на личен интегритет доведува до нематеријална штета.
Член 19(2) oд Законот за граѓански облигации го дефинира правото на личен интегритет во смисла на тој Закон како: право на живот, на физичко и ментално здравје, углед, чест, достоинство, име, приватност на личниот и семејниот живот, слобода и други аспекти.
... се заклучува дека во овој случај имало повреда на човечките, уставните и лични вредности затоа што жалителот бил во затворски услови кои не се во согласност со стандардите предвидени со Законот за извршување на затворски казни како и со правните стандарди согласно член 25 § 1 oд Уставот. Од таа причина судовите се должни да доделат надомест за повреда на достоинството на жалителот.
...“
Ѓ. Закон за спречување дискриминација
74. Релевантниот дел од Законот за спречување на дискриминација (Zakon o suzbijanju diskriminacije, Службен весник бр. 85/2008) гласи:
член 1
„(1) Овој закон гарантира заштита и промовирање на еднаквоста како највисока вредност на уставниот поредок на Република Хрватска; создава услови за еднакви можности и ја регулира заштитата против дискриминација врз основа на раса или етничко потекло или боја на кожа, пол, јазик, религија, политичко или друго уверување, национално или социјално потекло, имотна состојба, членство во синдикат, образование, социјален статус, брачен или семеен статус, возраст, здравствена состојба, инвалидитет, генетско наследство, родов идентитет, изразување или сексуална ориентација.
(2) Дискриминација во смисла на овој Закон значи ставање на било кое лице во неповолна положба по било која од основите во став 1 од овој член, како и неговите или нејзините блиски.
...”
член 8
„Овој Закон се применува во однос на сите државни тела...правни субјекти и физички лица ...“
член 16
„Секој кој смета дека, како последица на дискриминација, било кое од неговите или нејзините права било повредено може да побара заштита на тоа право во постапка во која определувањето на тоа право е главно прашање, и исто така може да бара заштита во посебна постапка според член 17 од овој Закон.“
член 17
„Лице кое тврди дека тој или таа била жртва на дискриминација во согласност со одредбите на овој Закон може да поднесе тужба и да бара:
1. одлука дека тужениот го повредил правото на тужителот на еднакво постапување или дека дејствие или пропуштање на тужениот може да доведе до повреда на правото на тужителот на еднакво постапување (тужба за потврдување на дискриминација);
2. забрана (на тужениот) да презема дејствија кои го повредуваат или може да го повредат правото на тужителот на еднакво постапување или да биде донесена наредба за мерки за отстранување на дискриминација или нејзините последици (тужба за забрана или отстранување на дискриминација);
3. надомест за материјална или нематеријална штета предизвикана со повреда на правата кои се заштитени со овој Закон (тужба за надомест на штета);
4. наредба за пресудата со која е утврдена повреда на правото на еднакво постапување да биде објавена во медиумите а трошоците да бидат платени од тужениот.
...”
III. РЕЛЕВАНТНИ ДОКУМЕНТИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА
A. Комитет на министри
75. Релевантните делови од Препораката Rec(2004)10 на Комитетот на министри до државите членки во врска со заштитата на човековите права и достоинството на лица со ментални заболувања (усвоена од Комитетот на министри на 22 септември 2004 на 896 состанок на Замениците Министри) гласат:
„...
Со оглед на, особено:
...
– Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи од 4 ноември 1950 и на нејзиното применување од страна на органите основани според таа Конвенција;
...
Глава II – Општи одредби
член 3 – Недискриминација
1. Забранет е секој облик на дискриминација по основ на ментално заболување.
2. Државите членки треба да преземат соодветни мерки за да ја елиминираат дискриминацијата по основ на ментално заболување.
член 4 – Граѓански и политички права
1. Лицата со ментално заболување имаат право да ги користат сите нивни граѓански и политички права.
2. Сите ограничувања на користењето на овие права треба да биде во согласност со одредбите на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи и не треба да биде засновани само на фактот што лицето има ментално заболување.
...
член 7 – Заштита на ранливи лица со ментални заболувања
1. Државите членки треба да гарантираат дека постојат механизми за заштита на ранливи лица со ментални заболувања, особено оние кои немаат способност да дадат согласност или кои не можат да се одбранат од повреди на нивните човекови права.
2. Законот треба да предвиди мерки за заштита, кога е соодветно, на економските интереси на лицата со менталнно заболување.
...“
76. Релевантните делови од Препораката Rec(2006)5 на Комитетот на министри до државите членки за Акциониот план на Советот на Европа за промовирање на правата и целосно учество на лицата со инвалидитет во општеството: подобрување на квалитетот на живот на лица со инвалидитет во Европа 2006-2015 (усвоена од Комитетот на министри на 5 април 2006 на 961-от состанок на Замениците Министри) гласат:
„...
Имајќи ја предвид Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи (ETS бр. 5);
...
3.12. Насока на дејствување. 12: Правна заштита
3.12.1. Вовед
Лицата со инвалидитет имаат право насекаде да бидат признати како лица пред законот. Кога е потребна помош за користење на таа правна способност, државите членки мора да гарантираат дека тоа е соодветно заштитено со закон.
Лицата со инвалидитет претставуваат разновидна група, но на сите им е заедничка, во поголем или помал обем, потребата за дополнителни заштитни мерки за да ги уживаат нивните права во целост и да учествуваат во општеството на еднаква основа со другите негови членови.
Потребата да се фокусира посебно внимание на ситуацијата на лицата со инвалидитет, во смисла на користење на нивните права на еднаква основа со другите, е потврдена од иницијативите кои се преземени во оваа област на домашно и меѓународно ниво.
Принципот на недискриминација треба да биде основата за владини политики предвидени за да се постигне еднаквост на можностите за лицата со инвалидитет.
Пристапот до правниот систем е основно право во демократското општество но, лицата со инвалидитет често може да бидат соочени со препреки, вклучувајќи и тешкотии со физичка пристапност. Ова бара повеќе мерки и позитивни акции, вклучувајќи генерално подигнување на свеста кај правната професија за прашања поврзани со инвалидтет.
3.12.2. Цели
i. Да се гарантира ефикасен пристап до суд за лицата со инвалидитет на еднакво рамниште со другите;
ii. да се заштити и промовира уживањето на сите човекови права и основни слободи на лицата со инвалидитет на еднаква основа со другите.
3.12.3. Конкретни активности на државите членки
i. Да обезбедат заштита од дискриминација преку воспоставување на конкретни законски мерки, тела, процедури за известувања и механизми за обештетување;
ii. да гарантираат дека одредбите со кои се дискриминираат лицата со инвалидитет се искоренети од законодавство;
iii. да промовираат обуки за човекови права и инвалидитет (и национални и интернационални) за вработени во органи за спроведување на правото, фукнционери, судството и лекарскиот персонал;
iv. да охрабруваат невладини мрежи за застапување кои работат на заштита на човековите права на лицата со инвалидитет;
v. да гарантираа дека лицата со инвалидитет имаат еднаков пристап до судскиот систем преку обезбедување на нивното право на информации и комуникации кои им се ним достапни;
vi. да обезбедат соодветна помош на тие лица кои имаат потешкотии при остварувањето на нивната деловна способност и да осигураат дека помошта одговара на потребниот степен на поддршка;
...
3.13. Насока на дејствување бр. 13: Заштита против насилство и злоупотреба
3.13.1. Вовед
Aкти на злоупотреба или насилство против било кое лице се неприфатливи и општеството има должност да обезбеди дека поединците, особено најранливите, се заштитени од таква злоупотреба.
Постојат индикации дека процентот на злоупотреба и насилство против лицата со инвалидитет е значително повисок од процентот за општото население, и повисока кај жени со инвалидитет, особено жени со тешки форми на инвалидност, каде процентот на злоупотреба е далеку поголем од процентот кај жените без инвалидитет. Таквата злоупотреба може да се случи во институции или други видови на грижа и ситуации, вклучувајќи ја и семејната средина. Злоупотребата може да ја вршат непознати лица или лица кои поединецот ги познава и може да биде во различни облици, на пример, вербална злоупотреба, насилни дејствија, или одбивање на задоволување на основните потреби.
Иако владите не можат да гарантиррат дека нема да дојде до злоупотреба тие мора да направат сѐ што можат за да воспостават заштита и најсилни заштитни механизми. Може да се придонесе кон превенција на многу начини, особено преку учење да се почитуваат правата на поединците на заштита и да се признае и намали ризикот од злоупотреба. Лицата со инвалидитет кои трпат злоупотреба или насилство треба да имаат пристап до соодветни системи на поддршка. Тие мора да имаат систем во кој имаат доволно доверба да пријават злоупотреба и да очекуваат по тоа да биде преземено нешто, вклучувајќи и индивидуална поддршка. Во таквите системи е потребен персонал кој е извештен и квалификуван да открие и да одговори на ситуации на злоупотреба.
Иако се направени некои истражувања последните години, јасно е дека е потребно дополнително знаење за идни стратегии и најдобри практики.
3.13.2. Цели
i. Да се работи преку антидискриминаторски и рамки за човекови права кон заштита на лицата со инвалидитет од сите облици на насилство и злоупотреба;
ii. да се гарантира пристап на лицата со инвалидитет до служби и системи за поддршка на жртви од насилство и злоупотреба.
3.13.3. Конкретни мерки за државите членки
i. да воспостават механизми за заштита на лицата со инвалидитет од насилство и злоупотреба преку ефикасна имплементација на политиките и законодавството, кога е тоа потребно;
ii. да промовираат достапност на и пристап до курсеви за обука на лицата со инвалидитет за намалување на ризикот од насилство и злоупотреба, на пример курсеци за самодоверба и унапредување на нивната положба [empowerment];
iii. да се развијат процеси, мерки и протоколи прилагодени на лицата со инвалидитет, да се подобри откривањето на насилство и злоупотреба, и да се гарантира дека се преземаат неопходните мерки против извршителите, вклучувајќи обештетување и соодветна професионална терапија во случај на емоционални проблеми;
iv. да гарантираат дека лицата со инвалидитет кои се жртви на насилство и злоупотреба, вклучувајќи и насилство и злоупотреба во домашна средина, имаат пристап до релевантни служби за поддршка, вклучувајќи и обештетување;
v. да спречат и да се борат против насилство, малтретирање и злоупотреба во сите ситуации преку поддршка на семејствата, подигнување на јавната свест и образование, промовирање дискусија и соработка помеѓу релевантните страни;
vi. да ги поддржуваат лицата со инвалидитет, особено жените, и нивните семејства, во ситуации на злоупотреба преку давање на информации и пристап до услуги;
vii. да гарантираат дека има системи за заштита од злупотреба на лицата со инвалидитет во психијатриски установи, домови за социјални грижа и институции, домови за деца без родители, и други институционални средини;
viii. да гарантираат дека е обезбедена релевантна обука за сите вработени во институционални средини специјализирани за лица со инвалидитет и во општите служби за поддршка;
ix. да ја обучуваат полицијата и судските органи за тие да можат да прифатат сведочење од лица со инвалидитет и да ги третираат случаите на злоупотреба сериозно;
x. да им обезбедат на лицата со инвалидитет информации за тоа како да избегнат случаи на насилство и злоупотреба, како да ги препознаат, и како да ги пријават;
xi. да преземат ефикасни законски, управни, судски и други мерки со строги санкции на транспарентен начин и да овозможат независна контрола од страна на граѓанскиот сектор со цел да спречат секакви облици на физичко или психичко насилство, повреда или злоупотреба, негрижа или небрежно постапување, малтретирање, експлоатирање или киднапирање на лицата со инвалидитет;
...“
77. Релевантните делови од Резолуцијата ResAP(2005)1 за заштита на возрасни и деца со ивалидитет од злоупотреба (усвоена од Комитетот на министри на 2 февруари 2005 на 913-от состанок на Замениците Министри) гласат:
„...
I. Дефиниција на злоупотреба
1. Во оваа резолуција злоупотребата е дефинирана како секое дејствие, или пропуштање да се дејствува, кое резултира во повреда на човековите права, граѓански слободи, физички и ментален интегритет, достоинството или општата благосостојба на ранливо лице, без разлика дали намерно или од небрежност, вклучувајќи и сексуални врски или финансиски трансакции на кои лицето не се согласило или не може да даде валидна согласност, или кои се намерно експлоатирачки. На основно ниво злоупотребата може да биде во повеќе облици:
a. физичко насилство, вклучително и телесна казна, затворање – вклучително и да се биде затворен во својот дом или да не се дозволува излегување надвор –прекумерно давање или неправилно давање на лекови, медицински експерименти или вклучување во инвазивно истражувње без согласност, и незаконито лишување од слобода на психијатриските пациенти;
б. сексуална злоупотреба и експлоатација, вклучувајќи насилство, сексуална агресија, напад, непристојно соблекување, присилно вклучување во порнографија и проституција;
в. Психолошки закани и повреди, вообичаено вербална злоупотреба, ограничувања, изолација, отфрлање, застрашување, вознемирување, понижување или закани за казнување или напуштање, емоционални уцени, арбитрерност, негирање на статус на возрасен човек и третирање на лицата со инвалидитет како деца, и оневозможување на индивидуалност, сексуалност, образование и обука, слободни активности и спорт;
...
3. Овие форми на злоупотреба наложуваат пропорционален одговор – одговор кој не ги занемарува легитимните одлуки донесени од лицата со инвалидитет тулу кој ја препознава ранливоста и експлоатацијата. Зборот „злупотреба“ затоа упатува на различни случаи, во кои спаѓаат кривични дела, повреди на професионалната етика, практики кои се вон утврдените упатства или сериозно несооветна грижа. Како последица на тоа, мерките за превенција и за одговор кон злоупотребата вклучуваат широк спектар на органи и актери, вклучувајќи ја полицијата, казнениот систем, владините тела кои го регулираат давањето услуги и професии, организации за застапување, мрежи на корисници и совети на пациенти, како и обезбедувачи на услуги и планери.
II. Приницп и мерки за заштита на возрасни и деца со инвалидитет против злоупотреба
1. Заштита на човековите права
Државите членки имаат должност да ги штитат човековите права и основните слободи на сите нивни граѓани. Тие треба да гарантираат дека лицата со инвалидитет се заштитени најмалку во иста мерка како и другите граѓани.
Државите членки треба да потврдат дека злоупотребата е повреда на човековите права. Лицата со инвалидитет треба да бидат заштитени од намерно повредување и/или повредување кое можело да се избегне најмалку во иста мерка како и другите граѓани. Кога лицата со инвалидитет се особени ранливи, треба да бидат воведени дополнителни мерки за да осигура нивната безбедност.
2. Инклузија на лицата со инвалидитет
Државите членки треба да потврдат дека заштитата на правата на лицата со инвалидитет како нивни граѓани е државна одговорност.
Тие треба да се борат против дискриминацијата на лицата со инвалидитет, да промовираат активни мерки за спротивставување на дискриминацијата и да ја обезбедат нивната инклуззија во социо-економскиот живот на нивните заедници.
Tие треба да потврдат дека сите лица со инвалидитет имаат право на достоинство, еднакви можности, нивен приход, образование, вработување, прифаќање и интеграција во социјалниот живот, вклучувајќи пристапност, здравствена заштита како и медицинска и функционална рехабилитација.
Tие треба да гарантираат дека на лицата со инвалидитет им е обезбедена заштита - најмалку во иста мерка како и другите граѓани – при користењето на какви било услуги.
3. Спречување на злоупотреба
Државите членки треба да ја зголемат јавната свест, да промовираат отворена дискусија, да развијат знаење, и да го подобрат образованието и професионалната обука.
Tие треба да ја поттикнуваат соработката помеѓу органите и организациите за наоѓање на мерки за спречување на злоупотреба, да го подобрат откривањето и пријавувањето на злоупотреба, и да ги поддржуваат жртвите.
Tие треба да изработат, имплементираат и мониторираат законодавство за стандардите и регулирањето на професионалци и средини во кои се дава грижа, со цел да се намалат шансите за злоупотреба на лица со инвалидитет преку дејствија или пропуштања да се дејствува.
4. Правна заштита
Државите членки треба да обезбедат пристап до суд и обештетување и/или надомест на штета на лица со инвалидитет кои биле жртви на злоупотреба најмалку во иста мерка како и другите граѓани. Кога е потребно, дополнителна помош треба да се обезбеди за да се отстранат физички и други бариери за лицата со инвалидитет.
Лицата со инвалидитет се тужители според граѓанскиот закон чии права треба да бидат заштитени. Државите членки треба да гарантираат дека професионалците кои работат во судството постапуваат со лицата со инвалидитет без дискриминација и на начин со кој им се гарантира еднаквост на можностите при користењето на нивните права како граѓани.
...“
Б. Парламентарно собрание
78. Релевантните делови од Резолуцијата 1642 (2009) oд Парламентарно собрание за пристап до права на лица со инвалидитет и нивно целосно и активно учество во општеството (усвоена на 26 јануари 2009) гласат:
„1. Повеќе од еден човек на секои 10 има некоја форма на инвалидитет, што претставува вкупно 650 милиони луѓе во светот, со дури уште поголем сооднос од 200 милиони само во Европа. Постои корелација помеѓу возраста и инвалидитетот: како населението старее и здравствената заштита се подобрува, бројот на лица со инвалидитет во Европа расте, и ќе продолжи да расте.
2. Парламентарното собрание потсетува дека Европската конвенција за човекови права на Советот на Европа (ETS бр. 5) ги заштитува сите луѓе, вклучително и тие кои имаат инвалидитет, и дека член 15 од ревидираната Европска социјална повелба (ETS бр. 163) изречно им го гарантира на лицата со инвалидитет ефикасното користење на правото на независност, социјална интеграција и учество во животот на заедницата. Понов текст којшто беше со нетрпение очекуван, Конвенцијата на Организацијата на Обединетите нации за правата на лицата со инвалидитет, влезе во сила со дејство од 3 мај 2008. Собранието го поздравува овој текст, кој дава детален опис на правата на луѓето, вклучително и на децата, со инвалидитет, и сигурно ќе придонесе кон промена во перцепцијата која е потребна за да се подобри ситуацијата на лицата со физички или психички инвалидитет.
3. Собранието воочува дека, во пракса, пристапот на лицата со физички или ментален инвалидитет до нивните права на еднаква основа со правата на лицата без инвалидитет често останува само желба и се покажува несоодветен. Затоа Собранието ја поздравува подготовката на Акциониот план на Советот на Европа за инвалидитет за промоција на правата на лицата со инвалидитет и учество на лица со инвалидитет во опшеството за 2006-2015 (Препорака Rec(2006)5 на Комитетот на министри), кој настојува на најде практични одговори на најсериозните и најчестите проблеми со кои се соочуваат лицата со инвалидитет, да негува еднаквост на можностите, и кој застапува повеќе мерки за подобрување на ситуацијата на лицата со инвалидитет во сите аспекти на секојдневниот живот.
...
18. Со оглед на тоа дека ставовите на во општеството, предрасудите и утврдените погледи на светот остануваат главна пречка за пристап до правата на лицата со инвалидитет и нивно целосно и активно учество во општеството, Собранието ги повикува државите членки да:
18.1. да ги интензивираат нивните кампањи за свртување на вниманието кон, и давање информации за, прашања поврзани со инвалидитет;
18.2. да преземат правни мерки и да ги казнат дискриминаторските практики и неприфатливите ставови кон лицата со инвалидитет, особено злоупотребата, извршена или од изолирани поединци или во установи за здравствена заштита;
18.3. да ги дисеминираат примерите на добри практики во сите сфери на секојдневниот живот, за да им го разјаснат – на сите, и особено на младите луѓе – опсегот на ова прашање во граѓанското општество, работната средина и областа на образованието;
18.4. да осигураат целосно и активно учество на лицата со инвалидитет во сите овие процеси.
...”
IV. РЕЛЕВАНТНИ ДОКУМЕНТИ НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ
79. Релевантните делови на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидитет (којашто беше ратификувана од Хрватска во јули 2007 и влезе во сила на 3 мај 2008) гласи:
член 1 - Цел
„Целта на оваа Конвенцијата е промоција, почитување и гарантирање на целосно и еднакво уживање на сите човекови права и основни слободи од страна на сите лица со инвалидитет, и промовирање на почитувањето на нивното инхерентно достоинство.
Во лица со инвалидитет спаѓаат оние кои имаат долготрајни физички, ментални, интелектуални или сензорни нарушувања кои во интеракција со различни бариери може да го попречат нивното целосно и ефикасно учество во општеството на еднаква основа со другите.“
член 4 – Општи обврски
„1. Државите договорнички се обврзуваат да го гарантираат и промовираат целосното остварување на сите човекови права и основни слободи на сите лица со инвалидитет без било каква дискриминација врз основа на инвалидитет. За таа цел, државите договорнички се обврзуваат:
Да ги усвојат сите соодветни законски, административни и други мерки за имплементација на правата признати во оваа Конвенцијата;
Да ги преземат сите соодветни мерки, вклучувајќи и законодавни, за промена или укинување на постоечки закони, прописи, обичаи и практики кои претставуваат дискриминација на лицата со инвалидитет;
Да ја земат предвид заштитата и промоцијата на човековите права на лицата со инвалидитет во сите политики и програми;
Да се воздржат од било какви акти и практики кои не се во согласност со оваа Конвенција и да гарантираат дека државните органи и институции постапуваат во согласност со сегашната Конвенција;
Да ги преземат сите соодветни мерки за елиминација на дискриминацијата врз основа на инвалидитет од било кое лице, организација или приватно претпријатие;
...“
член 5 – Eднаквост и недискриминација
„1. Државите членки потврдуваат дека сите луѓе се еднакви пред и согласно законот и имаат право на еднаква заштита и еднакви придобивки од законот без било каква дискриминација.
2. Државите членки ќе забранат секаква дискриминација врз основа на инвалидитет и ќе им гарантираат на лицата со инвалидитет еднаква и ефективна правна заштита од дискриминација по сите основи.
3. Со цел да промовираат еднаквост и да ја елиминираат дискриминацијата, државите членки ќе ги преземат сите соодветни мерки за да гарантираат дека е обезбедено разумно прилагодување.
4. Конкретни мерки кои се неопходни за забрзување или постигнување на фактична еднаквост на лицата со инвалидитет нема да се сметаат за дискриминација под условите на оваа Конвенцијата.“
член 8 – Подигнување на свеста
„1. Државите членки се обврзуваат да усвојат непосредни, ефикасни и соодветни мерки:
Да ја подигнуваат свеста во целото општество, вклучително и на ниво на семејство, во врска со лицата со инвалидитет, да негуваат почитување на правата и достоинството на лицата со инвалидитет;
Да се борат против стереотипи, предрасуди и штетни практики во однос на лицата со инвалидитет, вклучувајќи ги и тие кои се засновани на пол и возраст, во сите сфери на животот;
Да промовираат свест за способностите и придонесите на лицата со инвалидитет.
Во мерките за остварување на таа цел спаѓаат:
Започнување и одржување на кампањи за подигнување на јавната свест предвидени да:
Да негуваат прифаќање на правата на лицата со инвалидитет;
Да промовираат позитивни перцепции и поголема социјална свест кон лицата со инвалидитет;
Да промовираат признавање на вештините, заслугите и способностите на лицата со инвалидитет, и нивните придонеси на работното место и пазарот на трудот;
Негување на однос на почит кон правата на лицата со инвалидитет во сите образовни нивоа, вклучувајќи и деца од рана возраст;
Охрабрување сите органи на медиумите да ги претставуваат лицата со инвалидитет на начин кој е во согласност со целта на оваа Конвенција;
Промовирање на програми за обука и свест во однос на лицата со инвалидитет и правата на лицата со инвалидитет.“
член 15 – Право да се биде слободен од мачење или сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување
„1.Никој нема да биде подложен на мачење или сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување. Посебно, никој нема да биде подложен без негова или нејзина слободно дадена согласност на медицински или научни експерименти.
2. Државите членки ќе ги преземат сите ефикасни законски, административни, судски или други мерки за спречување лицата со инвалидитет, на еднаква основа со другите, да бидат подложени на мачење или сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.“
член 16 – Слобода од експлоатација, насилство и злоупотреба
„1. Државите договорнички ќе ги преземат сите законски, административни, социјални, образовни и други мерки за заштита на лицата со инвалидитет, и во рамките на домот и надвор од него, од сите облици на експлоатација, насилство и злоупотреба, вклучително и нивните аспекти засновани на пол.
2. Државите договорнички исто така ќе ги преземат сите соодветни мерки за спречување на сите облици на експлоатација, насилство и злоупотреба преку гарантирање, помеѓу останатото, на соодветни форми на родово сензитивна и сенизитивни во однос на возраст помош и поддршка за лицата со инвалидитет и нивните семејства и лицата кои за нив се грижат, вклучително и преку давање на информации и образование за тоа како да се избегнат, препознаат и пријават случаи на експлоатација, насилство и злоупотреба. Државите договорнички ќе гарантираат дека сервисите за заштита се сензитивни во однос на ворзаст, пол и инвалидитет.
3. Со цел да се спречат случаи на сите форми на експлоатација, насилство и злоуотреба, државите договорнички ќе обезбедат дека сите установи и програми предвидени да им служат на лицата со инвалидитет се ефикасно мониторирани од независни органи.
4. Државите договорнички ќе ги преземат сите соодветни мерки за промоција на физичко, когнитивно и психолошко закрепнување, рехабилитација и социјална реинтеграција на лицата со инвалидитет кои биле жртви на било кој облик на експлоатација, насилство или злоупотреба, вклучително и преку обезбедување на сервиси за заштита. Таквото закрепнување и реинтеграција ќе се вршат во средина која го негува здравјето, благосостојбата, самопочитта, достоинството и автономијата на личносста и ги зема во предвид посебните потреби во зависност од полот и возраста.
5. Државите договорнички ќе воведат ефикасно законодавство и политики, вклучувајќи и законодавство и политики кои се фокусирани на жени и деца, за да гарантираат дека сите случаи на експлоатација, насилство и злоупотреба на лицата со инвалидитет се откриени, истражени и, кога е соодветно, кривично гонети.“
член 17 – Заштита на интегритетот на личноста
„Секое лице со инвалидитет има право на почитување на неговиот или нејзиниот физички или ментален интегритет на еднаква основа со другите.“
ПРАВО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 2, ЧЛЕН 3 И ЧЛЕН 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
80. Жалителите се жалеа дека државните органи не им обезбедиле адекватна заштита од вознемирување од страна на малолетни деца од нивното соседство. Тие се повикаа на член 2, член 3 и член 8 од Конвенцијата чии релевантни делови гласат:
член 2
„1. Правото на живот на секој човек е заштитено со закон. Никој не може намерно да биде лишен од живот, освен со извршување на смртна казна, изречена со судска пресуда, со која е прогласен за виновен за кривично дело кое, според законот, се казнува со таква казна.
...“
член 3
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.“
член 8
„1. Секој има право на почитување на неговиот приватен...живот...
2. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество. “
A. Допуштеност
1. Аргументи на странките
(a) Аргументи на Владата
81. Владата тврдеше дека член 2 и член 3 не биле применливи врз околностите на овој случај. Што се однесува на член 2, таа тврдеше дека животите на жалителите не биле загрозени на било кој начин. Што се однесува на член 3 од Конвенцијата, Владата изјави дека потребното ниво на сериозност не било достигнато затоа што вознемирувањето на кое жалителите се жалат било воглавно вербално додека пак повредите кои му биле нанесени на првиот жалител на 4 април 2009 биле лесни. Таа исто така изјави дека фактот што првиот жалител покажал желба да се шета надвор покажувал дека тој не бил трауматизиран од настаните за кои станува збор.
82. Владата исто така тврдеше дека жалителите не ги искористиле сите достапни домашни правни лекови. Според Владата жалителите требало да поднесат граѓанска тужба за надомест на штета против децата за кои станува збор и нивните родители како и против училиштето во кое децата учеле, или други органи. Понатаму, тие можеле да поведат прекршочна постапка против родителите на децата. Тие исто така можеле да поднесат „тужба за заштита од незаконито дејствие“ против релевантните државни органи според Законот за управни спорови. Во постапката поведена по таква тужба надлежниот суд бил обврзан да постапува итно. Со пресуда со која ја усвојува тужбата, судот би забранил секакви понатамошни незаконити дејствија. Пресудата морала да биде извршена во рок од три дена од доставувањето на странките.
83. Што се однесува на настаните од 10 април и 13 мај 2010, Владата изјави дека наводните извршители, П.Б. и З.Б., имале четиринаесет години и дека тие не можеле кривично да одговараат. Затоа што кривичната истрага сѐ уште траела, било каква жалба за тие настани би била поднесена прерано.
(б) Аргументи на странките
84. Жалителите тврдеа во нивниот одговор дека тие биле подложени на континуирано вознемирување кое вклучувало и акти на физичко насилство против првиот жалител и вербално насилство над двајцата жалители. Таквото вознемирување го нарушило нивниот секојдневен живот и им предизвикало значителен степен на постојан стрес и страдање, особено со оглед на заболувањето на првиот жалител. Тие тврдеа дека постојаното вознемирување и злоупотреба го достигнале потребниот стандард на интензивност според член 3 и член 8 од Конвенцијата и дека член 2 од Конвенцијата бил исто така применлив поради ескалацијата на насилството врз првиот жалител со оглед на неговата огромна ранливост и исто така со оглед на веројатноста, докажана со истражување на криминалот од омраза заснована на ивалидитет, дека ниското ниво на вознемирување ако остане непроверено ќе се претвори во целосно насилство, и кое може да резултира во екстремни околности со смрт или сериозно малтретирање.
85. Што се однесува на искористувањето на домашните правни лекови, тие тврдеа дека домашниот правен систем не предвидувал било какви правни лекови кои овозможуваат обештетување во однос на криминал од омраза врз основа на инвалидитет; што било поддржано од фактот што Владата не доставила било каква судска пракса во поткрепа на нејзините тврдења во однос на достапноста и ефикасноста на правните лекови на кои се повикува.
86. Што се однесува на можноста за поднесување на тужба против органите поради незаконско дејствие според член 67 од Законот за управни спорови, жалителите тврдеа дека условите за допуштеност за тој правен лек – на пример, дека незаконското дејствие морало да претставува повреда на Уставот, дека правниот лек треба да биде лек како крајна мерка, и дека незаконското дејствие уште трае во моментот на поднесување на тужбата – ја правеле тужбата неефикасна во нивниот случај.
87. Што се однесува на можна граѓанска тужба за надомест на штета против родителите на децата, жалителите тврдеа дека Судот веќе има одлучено во случаи против Хрватска дека ефикасното застрашување против напади над физичкиот интегритет на некое лице наложувало ефикасни кривично-правни механизми кои би осигурале адекватна заштита во тој поглед (тие се повикаа на Sandra Janković v. Croatia, no. 38478/05, § 36, 5 March 2009).
88. Што се однесув на прекршочната постапка, жалителите изјавија дека таа се однесувала само на прекршоци против јавниот ред и мир дека затоа тој лек бил очигледно неадекватен во однос на штетата направена врз физичкиот и психолошкиот интегритет на жалителите.
89. Што се однесува на тврдењето на Владата дека жалбата била предвремена во однос на настаните од 10 април и 13 мај 210 затоа што истрагата за тие настани била сѐ уште во тек, жалителите одговорија дека тие никогап не добиле официјални информации дека била отворена истрага за случајот и дека во секој случај имало неоправдано одолговлекување во постапувањето на органите. Понатаму, истрагата се однесувала на изолирани инциденти, а не на целата ситуација на жалителите.
2. Оцена на Судот
(a) Применливост на член 2, член 3 и член 8 од Конвенцијата на околностите на овој случај
(i) Во однос на првиот жалител
90. Судот ги воочува честите инциденти на насилно однесување кон првиот жалител. Фактите за кои станува збор се однесуваат на честите епизоди на вознемирување во периодот помеѓу 31 јули 2008 и февруари 2011, вкупно две години и шест месеци. Инцидентите вклучуваат и вербално и физичко вознемирување, вклучително и насилни акти како што е горење на рацете на првиот жалител со цигари, негово туркање во железна ограда и удирање на жалителот со топка. Со оглед на фактот што сите инциденти во овој случај се однесуваат на низа акти на група на деца и се случувале подолг временски период, Судот ќе ги разгледа како континуирана ситуација.
91. Судот исто така воочува дека инцидентите на вознемирување на првиот жалител од деца кои живеат во неговото соседство и кои учат во блиското основно училиште се добро документирани, помеѓу останатото, со полициски и медицински извештаи. Медицинските извештаи го покажуваат негативното влијание кое тие инциденти го имале врз неговото физичко и ментално здравје. Извештаите кои се однесуваат на првиот жалител посочуваат дека тој имал тешки душевни заболувања, но дека е мирна и бенигна личност која не може и не знае да се одбрани себеси од лицата кои го злоупотребуваат. Како последица на континуираното вознемирување, тој морал да се подвргне на психотерапија, често бил исплашен и бил под стрес. Било препорачано тој да биде тргнат настрана од ситуацијата на вознемирување.
92. Првиот жалител даде веродостојни изјави дека подолго време бил изложен на закани за неговиот физички и ментален интегритет и дека бил навистина вознемируван и напаѓан повеќе пати.
93. Со оглед на овие факти, Судот смета дека државните органи имале позитивна обврска да го заштитат првиот жалител од насилното однесување на децата. Оваа обврска во околностите на овој случај произлегува и од член 3 и од член 8 од Конвенцијата. Во околностите на случајот Судот смета, сепак, дека е доволно да ги анализира жалбените наводи на жалителот само од аспект од член 3 од Конвенцијата.
94. Што се однесува на член 3 од Конвенцијата, Судот повторува дека злоупотребата мора да дотигне минимално ниво на суровост за да влезе во опсегот на член 3. Оцената на овој минимум е релативна: зависи од сите околности на случајот, како што е карактерот и контекстот на постапувањето, времетраењето, неговите физички и ментални ефекти и, во некои случаи, полот, возраста и здравствената состојба на жртвата (види Costello-Roberts v. the United Kingdom, 25 March 1993, § 30, Series A no. 247-C, и A. v. the United Kingdom, 23 September 1998, § 20, Reports 1998‑VI).
95. Судот одлучил дека постапувањето е „нечовечко“ затоа што, помеѓу останатото, било со преудмисла, траело неколку часа и предизвикало или фактичка телесна повреда или интензивно физичко или ментално страдање (види Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, § 120, ECHR 2000-IV). Постапувањето се смета за „понижувачко“ кога било такво да предизвикало кај жртвите страв, болка и инфериорност кои можат да ги понижат и обезвреднат и можеби и да го совладаат нивниот физички или морален отпор (види Hurtado v. Switzerland, 28 January 1994, opinion of the Commission, § 67, Series A no. 280, и Wieser v. Austria, no. 2293/03, § 36, 22 February 2007).
96. Судот смета дека вознемирувањето на првиот жалител – кое најмалку во една прилика предизвикало кај него физички повреди, заедно со чувствата на страв и беспомошност – биле доволно сериозни да го достигнат нивото на суровост согласно член 3 од Конвенцијата и затоа оваа одредба е применлива во овој случај (види Price v. the United Kingdom, no. 33394/96, § 24, ECHR 2001-VII, и Milanović v. Serbia, no. 44614/07, § 87, 14 December 2010).
(ii) Во однос на втората жалителка
97. Што се однесува на втората жалителка, Судот воочува дека таа не била изложена на било какво облик на насилство кое влијаело на нејзиниот физички интегритет. Сепак, нема сомневање дека континуираното вознемирување на првиот жалител, нејзиниот син кој е со инвалидитет и за кого таа се грижи, и инцидентите на вознемирување кои се однесувале лично на неа, дури и во нивните поблаги форми, предизвикале нарушување на нејзиниот секојдневен живот и нејзината рутина, што имало негативен ефект врз нејзиниот приватен и семеен живот. Всушност, менталниот интегритет на личноста влегува во концептот на приватен живот. Концептот на приватен живот исто така се однесува и на сферата на односи помеѓу самите поединци.
98. Следува дека член 8 е применлив на околностите во овој случај во однос на жалбените наводи кои се однесуваат на втората жалителка.
(б) Искористување на домашните правни лекови
99. Судот посочува дека целта на член 35 е да им овозможи на државите договорнички прилика да ги спречат или исправат повредите кои се тврди дека ги направиле пред тие наводи да бидат поднесени до институциите на Конвенцијата. Последователно, државите не можат да одговораат за нивните акти пред меѓународно тело пред тие да имале прилика да ги поправат работите преку нивниот правен систем. Правилото на искористување на домашните правни лекови споменато во член 35 од Конвенцијата наложува дека жалителот вообичаено треба да ги искористи правните лекови кои се однесуваат на наводните повреди и кои во исто време се достапни и доволни. Постоењето на такви правни лекови мора да биде доволно сигурно не само во теорија туку исто така и во пракса, во спротивно на што тие нема да ја имаат потребната достапност и ефикасност; на тужената држава е да докаже дека овие различни услови се исполнети (види Selmouni v. France [GC], no. 25803/94, §§ 74 and 75, ECHR 1999‑V).
100. Член 35 предвидува распределба на товарот на докажување. Владата која тврди дека не се искористени домашните лекови должна е да го убеди Судот дека правниот лек бил ефикасен и достапен во теорија и во пракса, што значи дека имало пристап до него, дека можел да обезбеди обештетување во однос на жалбените наводи и дека овозможувал разумни шанси за успех (види Akdivar and Others v. Turkey, 16 September 1996, § 68, Reports of Judgments and Decisions 1996‑IV).
101. Судот би нагласил дека при примена на ова правило мора да се земе предвид контекстот. Затоа, Судот има потврдено дека член 35 мора да се применува со определен степен на флексибилност и без прекумерен формализам (види Cardot v. France, 19 March 1991, § 34, Series A no. 200). Судот исто така има потврдено дека правилото на искористување на домашните лекови не е ниту апсолутно ниту пак може да се применува по автоматизам, при оценувањето дали ова правило било почитувно, суштински е да се земат во предвид конкретните околности на поединечниот случај (види Van Oosterwijck v. Belgium, 6 November 1980, § 35, Series A no. 40). Tоа значи, помеѓу останатото, дека Судот мора реално да ги земе предвид не само постоењето на формалните лекови во правниот систем на засегнатата држава договорничка туку исто така и општиот правен и политички контекст во кој тие се применуваат како и личните околности на жалителите (види Akdivar and Others, цитиран погоре, § 69).
102. Што се однесува на овој случај, Судот воочува дека Владата сугерираше дека жалителите требало да поднесат граѓанска тужба за надомест на штета против родителите на децата кои биле вмешани во актите на вознемирување и насилство против првиот жалител, и дека тие имале можност да поведат прекршочна постапка против родителите на овие деца.
103. Во врска со тоа Судот воочува дека тоа што е во прашање во овој случај не е индивидуалната одговорност на родителите на децата туку тоа што наводно немало адекватен одговор од страна на надлежните државни органи за честите акти на вознемирување и насилство од страна на деца кои, како последица на нивната возраст, не можат да бидат кривично гонети според домашното право.
104. Што се однесува на тврдењето на Владата дека жалбата била изјавена пред време затоа што децата П.Б., З.Б. и И.С. кои наводно биле вмешани во настаните од 10 април и 13 мај 2010, имале четиринаесет години во тоа време и затоа не можеле да одговораат кривично, Судот најпрво повторува дека во овој случај не се одлучува за индивидуална кривична одговорност. Во секој случај, конкретните инциденти се случиле во април и мај 2010 и Владата не покажа дека биле преземени какви било други мерки освен полициските разговори направени во јули, август и септември со малолетниците за кои станува збор.
105. Сепак, другите правни лекови на кои се повикува Владата бараат оцена на нивната ефикасност во конкрените околности на овој случај. Судот воочува дека членовите 67-76 oд Законот за управни спорови предвидуваат „тужба за заштита од незаконито дејствие“, правен лек кој му стои на располагање на секој кој смета дека неговите или нејзините права или слободи гарантирани со Уставот биле повредени од државен орган а не е достапен друг облик на судска заштита. Заедно со правниот лек од член 66 од истиот Закон кој предвидува правен лек против конечен поединечен акт (види 65 параграф погоре), тие се правни лекови од последна инстанца, кои се користат кога нема било каква друга судска заштита, против одлуки или други (фактички) дејствија или пропуштања („тужбата за заштита од незаконити дејствија“ – види параграфи 66 и 67 погоре) на државни органи кое можат да повредат уставно загарантирани права или слободи. Објаснувањето за овие правни лекови е дека уставните права и слободи се толку скапоцени што не можат да бидат оставени без заштита од судовите.
106. Судот исто така воочува дека и правото да не се биде злоупотребуван и правото на почитување на приватниот и семејниот живот на личноста се гарантирани со хрватскиот Устав. Понатаму, релевантната судска пракса на домашните судови покажува дека ваква тужба може исто така да биде поднесена во ситуација на пропуштање да се дејствува, како во овој случај, каде жалителите тврдат дека домашните органи не презеле соодветни мерки. Сепак, се поставуваат определени прашања во однос на ефикасноста на таква тужба во околностите на овој случај.
107. Прво, Владата не посочи кој орган бил одговорен за непреземање соодветни мерки. Со оглед на тоа што правниот лек за кој станува збор е „тужба за заштита од незаконито дејствие“ (или пропуштање), неопходно е да се утврди кој орган имал должност да дејствува и врз основа на кој закон. Понатаму, тужба против пропуштање да се преземе дејствие може да се поднесе само против поединечен државен службеник кој имал должност да дејствува врз основа на закон. Во овој случај би било тешко да се именува поединечен службеник кој имал таква должност. Судот воочува во врска со тоа дека еден од аспектите на жалбениот навод на жалителите е дека ниту еден државен орган не бил обврзан со закон да преземе какви било мерки во ситуацијата на која тие се жалат.
108. Тужба од овој вид според Законот за управни спорови би повлекла поведување на постапка пред обичните граѓански судови. Владата не посочи дека барање за каков било вид на привремена мерка би било возможно во таква постапка. Сепак, ситуацијата на која жалителите се жалат покажува дека жалителите биле континуирано вознемирувани, понекогаш и секојдневно, и суштината на нивните жалбени наводи лежи во фактот што домашните органи, иако биле свесни за ситуацијата, пропуштиле да преземат соодветни мерки за спречување на понатомошно вонемирување. Затоа, ситуацијата налагала итна реакција од државните органи. Владата не покажа дека било кој од правните лекови на кои се повикува можеле да доведат до итен одговор на ситуацијата на вознемирување.
109. Затоа, во однос на таа „тужба за заштита од незаконито дејствие“ и граѓанската тужба за надомест на штета против државата според Законот за облигациони односи, Владата не покажа дека со нив можело да дојде до брзи и соодветни мерки кои биле неопходни во околностите на овој случај.
110. Во овој дел Судот повторува дека објаснувањето за условот за искористување на домашните правни лекови е супсидијарниот карактер на инструментите на Конвенцијата, што значи, принципот дека на домашните власти мора прво да им биде дадена прилика да ја исправат повредата за која има жалбени наводи. Во врска со тоа Судот воочува дека втората жалителка постојано се жалела на континуираното вознемирување до различни домашни органи, како што се полицијата и канцеларијата на јавното обвинителство, надлежниот центар за социјална работа и училиштето во кое учеле инволвираните ученици. Судот смета дека таа на тој начин им дала на релевантните органи соодветна можност да реагираат на нејзините наводи и да стават крај на вознемирувањето на кое се жалела. Затоа таа ги искористила достапните домашни лекови.
111. Понатаму, жалителите тврдеа дека има неправилности во националниот систем за заштита на лицата со инвалидитет од акти на вознемирување и насилство, вклучувајќи ја и правната рамка во која надлежните органи треба да постапуваат и предвидените механизми. Во врска со тоа Судот воочува дека Владата не покажа дека овие прашања биле разгледани во било која од видовите постапки на кои таа се повика.
112. Следува дека жалителите не биле должни да ги искористат ни правните лекови сугерирани од Владата. При донесувањето на овој заклучок, Судот ги имаше предвид посебните околности на овој случај како и фактот што се одлучува за право кое толку фундаментално како правото да не се биде подложен на нечовечко и понижувачко постапување и дека Конвенцијата е предвидена да гарантира права кои не се теоретски или илузорни, туку права кои се практични и ефикасни (види, на пример, Matthews v. the United Kingdom [GC], no. 24833/94, § 34, ECHR 1999-I). Затоа, приговорот на Владата мора да биде одбиен.
(в) Заклучок
113. Судот наоѓа дека жалбените наводи по член 3 и член 8 од Конвенцијата не се очигледно неосновани во смисла на член 35 § 3 oд Конвенцијата. Исто така заклучува дека тие не се недопуштени по било кој друг основ. Затоа мора да бидат прогласени за допуштени.
Б. Основаност
1. Аргументи на странките
(a) Аргументи на жалителите
114. Жалителите прво се фокусираа на прашањето за насилство против првиот жалител како криминал од омраза врз основа на инвалидитет. Истражувања поврзани со тоа прашање покажале дека процентот на злоупотреба и насилство против лицата со инвалидитет бил значително повисок од процентот кај целокупното население и биле широко распространети. Најчестите облици на насилство врз лицата со интелектуални пречки во развојот биле клоцање, касање, навреди, исмејување, крадење, туркање, заканување, фрлање предмети кон нив, кажување да напуштат зграда, удирање, викање, пцуење, барање пари, влечење за коса, фрлање камења, плукање, бодење, удирање со тупаници, тепање и удирање на нивната глава од ѕид. Лицата со инвалидитет често биле жртви на насилство на континуирана основа од истите луѓе. Злоупотребата често бил вршена од банди на младинци кои ја напаѓале истата личност систематски, како во овој случај.
115. Вознемирувањето на лицата со инвалидитет било вообичаено мотивирано од перцепцијата на таквите луѓе како инфериорни. Насилството и непријателското однесување може да имаат разновидни последици, вклучувајќи емоционални, физички и сексуални импликации, или дури и смрт на жртвата. Лицата со инвалидитет може да бидат принудени да го преструктуираат нивниот секојдневен живот со цел да избегнат ризици.
116. Во нивните аргументи, жалителите исто така се повикаа на меѓународните извори цитирани погоре во текстот, особено на Конвенцијата на Организацијата на Обединети нации за правата на лицата со инвалидитет и обврските кои од неа произлегуваат.
117. Жалителите тврдеа дека тие биле подложени на континуирано вознемирување и злоупотреба повеќе од пет години од група на воглавно неидентификувани деца поради нивното српско потекло и инвалидитетот на првиот жалител. Вознемирувањето воглавно се состоело од вербална злоупотреба и други форми на антисоцијално однесување како што се плукање, правење врева, пишување на навредливи пораки на тротоарот, и предизикување штета на домот на жалителите. Тоа кај жалителите предизвикало интензивно страдање. Покрај физичка повреда настаната од инцидентите споменати погоре, континуираното вознемирување имало значително негативно влијание врз менталната благосостојба на првиот жалител што било соодветно документирано од неговиот психотерапевт.
118. Понатаму, жалителите морале да ја променат нивната дневна рутина. Секојдневни прошетки во паркот, седење на клупа во паркот и разговарање со луѓе било клучно за првиот жалител да развие независен начин на живот и чувство на вклученост во заедницата. Поради постојаното вознемирување од децата во неговото соседство, првиот жалител морал да престане со сите овие активности.
119. Повикувајќи се опширно на судската пракса на Судот во однос на позитивните обврски на државата од член 3 и член 8 од Конвенцијата, жалителите тврдеа дека релевантните државни органи имале должност да преземат позитивни мерки да ги заштитат од повреда од трети страни. Втората жалителка постојано ги информирала органите за злоупотребата на која биле изложени жалителите но, тие во најголем дел не презеле било какви дејствија за да спречат повторна злоупотреба. Органите затоа знаеле дека вознемирувањето на првиот жалител следело некој образец на однесување.
120. Сепак и покрај тоа што биле запознати со ситуацијата на жалителите, релевантните органи не ја исполниле нивната должност да стават крај на вознемирувањето и злоупотребата. Жалителите тврдеа дека не било јасно кој орган бил надлежен да дејствува во нивната ситуација. Што се однесува на тврдењето на Владата дека полицијата адекватно реагирала на сите пријави на втората жалителка, тие тврдеа дека полицијата не успеала да го разбере целиот обем на континуираната злоупотреба и да спречи понатамошна злоупотреба. Полицијата не ги идентификувала сторителите. Полицијата само доаѓала на местото на настанот и ги предупредувала децата да си заминат. Со таков релаксиран пристап полицијата не успеала во нејзиниот ефект на застрашување. Понатаму, полицијата се однесувала кон секој случај на злоупотреба како кон изолиран инцидент, без да ја разбере континуираната природа на ситуацијата. Таа исто пропуштила да преземе соодветни мерки како што се поведување на прекршочна постапка против родителите на децата кои биле вмешани.
121. Надлежниот Центар за социјална работа требало да го истражи случајот и да ги утврди фактите, да ги повика родителите на сторителите на средба со цел да ги утврди нивните лични околности, да изрече мерки за заштита за спречување на повторно насилство, да ги советува или да ги обврзе сторителите и нивните родителите да одат на терапија, да ја мониторира ситуацијата и да подготвува извештаи за преземените мерки. Сепак, Центарот за социјална работа во Суседград не сторил ништо од наведеното. Во 2009 презел мерки против еден од малолетниците кои биле вмешани во инцидентот со горење од цигара и го ставил под надзор на социјален работник и потоа повел постапка за негово сместување во институција за проблематични деца во траење од една година. Сепак, сето тоа било преземено не поради нападот врз првиот жалител, туку како последица на сите проблеми во однесувањето на засегнатото лице.
122. Што се однесува на дирекцијата на училиштето во кое учеле засегнатите деца, жалителите тврдеа дека иако тие биле овластени да преземат повеќе видови дисциплински мерки во случаи на насилно однесување на ученици, вклучувајќи препупредувања, укор, строг укор и бркање од училиштето, таа не презела ниту една од тие мерки. Сепак точно било дека училишната дирекција презела некакви мерки, како што е повикување на родителите и децата за да се осигура дека насилното однесување против жалителите ќе престане и организирање на средби за да им кажат на учениците за условите на лицата со посебни потреби. Тие исто така овозможиле разговори со засегнатите деца. Сепак, тие мерки не можеле да спречат понатамошно насилство врз жалителите.
123. Исто така, ниту еден од другите државни органи не направиле многу со цел да го спречат насилството и вознемирувањето на жалителите.
(б) Аргументи на Владата
124. Владата тврдеше дека освен инцидентите пријавени во полиција и документирани во полициски записници, жалителите не докажале дека дошло до други инциденти. Владата тврдеше дека релевантните органи ги презеле сите соодветни мерки за да ги заштитат жалителите од вознемирување. Секогаш кога втората жалителка ја повикувала полицијата, полицијата навремено доаѓала и разговарала со засегнатите деца и ги предупредувала за нивното несоодветно однесување. Секогаш бил подготвуван записник од страна на полицијата и испраќан до канцеларијата на јавното обвинителство.
125. Училиштето во кое учеле децата исто така секогаш навремено реагирало на наводите за вознемирување на жалителите. Вработените во училиштето често организирале дискусии со учениците и нивните родители во врска со лица со посебни потреби. На родителите им било кажано да разговараат за тоа прашање со нивните деца, а директорот на училиштето испратил писмо до родителите во тој поглед.
126. Што се однесува на инцидентот од 4 април 2009, Владата изјави дека домашните органи ги презеле сите релевантни мерки за да го откријат сторителот. На крај, било откриено дека И.М. ги изгорел рацете на првиот жалител со цигара. Затоа што И.М. како дете кое имало помалку од четиринаесет години не можело кривично да одговара, жалителите биле поучени да поведат граѓанска постапка за надомест на штета. Надлежната канцеларија на јавниот обвинител ги информирала и Народната правобранителка за деца и надлежниот Центар за социјална работа за своите заклучоци.
127. Што се однесува на настаните од 10 април и 13 мај 2010, како и наводите за постојано вознемирување на првиот жалител, полицијата ги сослушала децата П.Б., З.Б. и И.С. Истрагата била сѐ уште во тек и затоа што сите деца имале повеќе од четиринаесет години кога се случиле наводните акти, тие можеле кривично да одговараат.
128. Владата тврдеше дека горенаведеното покажувало дека домашните органи реагирале брзо и навремено во однос на секоја пријава поднесена од жалителите и дека ги презеле сите чекори и мерки со цел да се спречи понатамошно вознемирување. Од јуни 2010 немало нови пријави и жалби.
129. Владата исто така изјави дека родителите имале голема одговорност да ги спречат нивните деца несоодветно да се однесуваат. Родителите од децата кои биле вмешани во настаните биле постојано информирани од училишната дирекција, како и од социјалните служби, за проблемите со нивните деца.
130. Oд друга страна, втората жалителка како мајка на првиот жалител исто така требала да сноси определен степен на одговорност во грижата за првиот жалител. Било утврдено дека на првиот жалител му била потребна помош при одење и постојана грижа од неговата мајка. Исто така тој имал епилепсија и бил кратковид. Социјалните служби ја предупредиле втората жалителка да не го пушта сам надвор од станот, што би ги разрешило сите проблеми поврзани со физички контакт со другите, и ако секогаш го придружувала надвор, таа би можела да ја подигне свеста на децата за нејзиниот син.
(в) Коментари на третата страна вмешувач
131. Организацијата European Disability Forum ги анализираше прашањата од овој случај од аспект на криминал од омраза врз основа на инвалидитет. Таа тврдеше дека признавањето на криминал од омраза против лица со инвалидитет претставувало предизвик во многу правни системи затоа што нивната ранливост ги спречувала службите за спроведување на правото и судовите да ги идентификуваат делата како криминал од омраза. Две одделни истражувања во Обединетото Кралство покажале дека иако било четири пати поверојатно лицата со инвалидитет да бидат вербално и физички нападнати отколку лицата кои немаат пречки во развојот, били два пати помалку веројатно дека тие ќе го пријават кривичното дело во полиција.
132. Tретата страна исто така тврдеше дека непријателското однесување кон лицата со инвалидитет кое доведувало до насилни напади било инхерентно дискримнирачко затоа што жртвите биле избрани поради нивниот видлив инвалидитет. Третата страна тврдеше дека стравот од лицата со видлив инвалидитет чиј изглед бил гледан како „вознемирувачки и непријатен“ бил главната причина за насилство врз лицата со инвалидитет. На тие лица често се гледало како на инфериорни или како да се самите одговорни за нивната состојба, која ставала товар на општеството како целина.
133. Стравот од „различноста“ бил потхрануван само кога на потенцијалната жртва се гледало како на ранлива личност. Ранливоста на пицето со инвалидитет била прилика за сторителите да ги реализираат нивните напади. Ова било особено релевантно кога лицата со инвалидитет биле напаѓани не со цел тие или нивниот имот да бидат ограбени, туку да бидат понижени и да биде повредена нивната личност.
134. Организацијата European Disability Forum исто така изјави дека посебното признавање на криминалот од омраза врз основа на инвалидитет било нов тренд. Повикувајќи се на член 5 од Конвенцијата на Организацијата на Обединетите Нации за правата на лицата со инвалидитет (цитирана погоре), тврдеше дека тој член го потврдувал правото на лицата со инвалидитет на заштита на еднаква основа со другите. За државата, тоа значело способност да се препознае и да се одговори на дискриминацијата заснована на инвалидитетот на жртвата, и доволно знаење за инвалидитетот за да може да се примени законот со почитување на потребите на лицата со инвалидитет. Во конкретни случаи, почитувањето на принципот на недискриминација може да значи потврдување на специфичната ситуација на лицата со инвалидитет во споредба со лицата кои немаат инвалидитет. Вториот став од тој член алудирал на обврската на државта да ги заштити лицата со инвалидитет од дискриминација по сите основи. Повторно, исполнувањето на таа обврска наложувало обемна обука на државните службеници.
135. Tретата страна исто така посочи дека тој инструмент ги обврзувал државите договорнички „да ги преземат сите законски, управни, судски и други мерки за да спречат лицата со инвалидитет“ да бидат подложени на насилство, што исто така барало обука на лицата кои работат во областа на спроведување на правдата.
136. Како заклучок, European Disability Forum изјави дека, досега, на криминалот од омраза врз основа на инвалидитет не му е дадено доволно внимание од страна на законодавците и од органите за спроведување на правото. Тоа резултирало во пропуштање да се признае криминалот од омраза врз основа на инвалидитет како таков, како и во мало пријавување на таквиот вид кривични дела и погрешно разбирање на тој феномен. Одговорот на органите кон тој феномен требало да се помести од реактивен кон проактивен и да биде насочен кон заптита на лицата со инвалидитет од акти на насилство.
2. Оцена на Судот
(a) Во однос на првиот жалител
(i) Општи принципи
137. Судот повторува дека член 3 од Конвенцијата мора да се смета за една од најфундаменталните одредби на Конвенцијата и дека ги штити суштинските вредности на демократските општества од кои е составен Советот на Европа (види Pretty v. the United Kingdom, no. 2346/02, § 49, ECHR 2002-III). За разлика од другите одредби на Конвенцијата, тој е изразен во апсолутна смисл, без исклучок или услов, или без можност за дерогација според член 15 од Конвенцијата (види, помеѓу останатото, Chahal v. the United Kingdom, 15 November 1996, § 79, Reports 1996-V).
138. Судот повторува дека, што се однесува на прашањето дали државата може да се смета за одговорна, според член 3, за злоупотреба направена од страна на лица или недржавни субјекти, обврската на Високите договорни страни по член 1 од Конвенцијата да ги обезбедат на сите под нивна јурисдикција правата и слободите дефинирани со Конвенцијата, земена заедно со член 3, бара државите да преземат мерки предвидени за да гарантираат дека лицата под нивна надлежност нема да бидат подложени на мачење, или нечовечко или понижувачко постапување или казнување, вклучително и такво постапување кое е направено од приватни лица (види, mutatis mutandis, H.L.R. v. France, 29 April 1997, § 40, Reports 1997-III). Tие мерки треба да обезбедат ефикасна заштита, особено, на деца и други ранливи лица, и вклучуваат разумни чекори за спречување на злоупотреба за која органите знаеле или требале да знаат (види, mutatis mutandis, Osman v. the United Kingdom, 28 October 1998, § 116, Reports 1998-VIII, и E. and Others v. the United Kingdom, no. 33218/96, § 88, 26 November 2002).
139. Со оглед на тешкотиите во полициското работење во модерните општества, непредвидливоста на човековото однесување и оперативните избори кои мора да бидат направени во смисла на прироритети и ресурси, обемот на оваа позитивна обврска мора, сепак, да биде толкуван на начин кој не наметнува невозможен или несразмерен товар врз државните органи. Не секој наводен ризик од злоупотреба, затоа, може да повлече за органите обврска од Конвенцијата да преземат оперативни мерки за да спречат тој ризик да се материјализира. За да дојде до позитивна обврска, мора да биде утврдено дека органите знаеле или требале да знаат во тоа време дека имало вистински и непосреден ризик од злоупотреба на идентификуван поединец со криминални акти на трета страна и дека тие пропуштиле да ги преземат мерките кои биле во рамките на нивните овластувања со кои, разумно ценето, можело да се очекува дека ќе се избегне ризикот. Уште еден релевантен фактор е потребата да се осигура дека полицијата ги користи своите овластувања за контрола и спречување на криминал на начин кој во целост ги почитуваат сите законски права и други гаранции кои легитимно го ограничуваат обемот на нејзините дејствија на истражување на кривични дела и да изведе прекршителите пред суд, вклучувајќи ги и гаранциите содржани во член 8 од Конвенцијата (види Mubilanzila Mayeka and Kaniki Mitunga v. Belgium, no. 13178/03, § 53, ECHR 2006-XI; Members (97) of the Gldani Congregation of Jehovah’s Witnesses v. Georgia, no. 71156/01, § 96, 3 May 2007; и Milanović v. Serbia, no. 44614/07, § 84, 14 December 2010; види исто така, mutatis mutandis, Osman, цитиран погоре, § 116).
140. Судот затоа ќе испита дали тужената држава, работејќи на случајот на првиот жалител, ги повредила своите позитивни обврски од член 3 од Конвенцијата.
(ii) Примена на тие принципи на случајот кој е предмет на разгледување
141. Судот воочува на почетокот дека актите на насилство спротивни на член 3 вообичаено налагаат примена на казнено-правни мерки против извршителите (види Beganović v. Croatia, no. 46423/06, § 71, 25 June 2009, во однос на член 3, и Sandra Janković, цитиран погоре, § 47, во однос на член 8).
142. Сепак, во овој случај повеќето од наводните извршители биле деца на возраст под четиринаесет години, против кои, според домашниот систем, не е возможно да се применат казнено-правни санкции. Понатаму, во специфичните околности за кои се одлучува, може да биде дека ниту еден од актите за кои има жалбени наводи сам по себе не претставува кривично дело, но дека сепак како целина инцидентите на вознемирување не се во согласност со условите од член 3 од Конвенцијата. Затоа, треба да се прави разлика помеѓу овој случај од случаи кои се однесуваат на процедуралната обврска на државата според кривичниот закон во однос на сите акти на злоупотреба спротивни на член 3 од Конвенцијата, каде државните органи имаат должност по нивна иницијатива да спроведат темелна, ефикасна и независна истрага.
143. Овој случај се однесува на прашањето на позитивните обврски на државата во поинаков тип на ситуација, вон сферата на кривичното право, каде надлежните органи се запознаени со ситуација на сериозно вознемирување и дури и насилство насочено кон лица со физички и ментален инвалидитет. Се однесува на наводниот недостаток на соодветен одговор на таква ситуација со цел соодветно да се одговори на насилство и злоупотреба кои веќе се случиле и да се спречат такви идни акти.
144. Во согласност со горенаведеното, Судот најпрво испита дали релевантните органи знаеле или требало да знаат за ситуацијата на вознемирување и насилство врз првиот жалител.
145. Во врска со тоа Судот воочува дека документите во списите на предметот покажуваат дека уште од 31 јули 2008 втората жалителка ја информирала полицијата за континуираното вознемирување на нејзиниот син од страна на деца во соседството. Таа исто така ја известила полицијата за бројни други инциденти, вклучително и за горењето на рацете на првиот жалител со цигари на 4 април 2009. Во април 2009 таа ја информирала Народната правобранителка за лица со инвалидитет за истиот инцидент. Од мај до јули 2009 полицијата ја известила канцеларијата на јавното обвинителство како и надлежниот центар за социјална работа за наводната злоупотреба на првиот жалител и до септември 2009 училишната дирекција била исто така известена.
146. Со оглед на наведеното, Судот е убеден дека домашните органи знаеле за континуираното вознемирување на првиот жалител од страна на деца од неговото соседство и деца кои учеле во блиското училиште. Судот затоа ке испита дали релевантните органи ги презеле сите разумни чекори во околностите на овој случај за да го заштитат првиот жалител од такви акти.
147. Во оваа ситуација, каде инцидентите на насилство траеле определен временски период, Судот заклучува дека релевантните органи пропуштиле да преземат доволно мерки за да го утврдат обемот на проблемот и да спречат понатамошно вознемирување.
148. Точно е дека полицијата испрашала некои од децата наводно инволвирани во некои инциденти и дека училишната дирекција разговарала за проблемот со учениците и нивните родители. Сепак, Судот смета дека не бил направен никаков сериозен обид да се оцени вистинскиот карактер на ситуацијата на која жалителите се жалат, и да се оцени недостигот на систематски пристап што довело до тоа да нема адекватни и темелни мерки. Така, наодите на полицијата не биле следени од било каква понатамошна конкретна активност: не биле усвоени било каква одлуки и не биле воспоставени механизми за мониторинг со цел да се препознае и спречи понатамошно вознемирување. Судот е запрепастен од непостоењето на било какво вистинско инволвирање на социјалните служби и од тоа што нема било каква индикација дека учествувале релевантни експерти кои би можеле да дадат соодветни препораки и би можеле да работат со засегнатите деца. Исто така, не била обезбедена психолошка помош на првиот жалител со цел да му се помогне. Всушност, Судот наоѓа дека, освен одговори на конкретни инциденти, никаква активност од генерален карактер за справување со основниот проблем не била преземена од надлежните органи и покрај тоа што знаеле дека првиот жалител бил систематски напаѓан и дека било многу веројатно дека ќе дојде до злоупотреба и во иднина.
149. Со оглед на тоа, Судот смета дека надлежните државни органи не ги презеле сите разумни мерки за да ја спречат злоупотребата на првиот жалител, и покрај фактот пто континуираниот ризик од така злоупотреба бил вистински и предвидлив.
150. Затоа имало повреда на член 3 од Конвенцијата во однос на првиот жалител.
(б) Што се однесува на вториот жалител
(i) Општи принципи
151. Иако суштинската цел на член 8 е да го заштити поединецот од арбитрерно мешање од државните органи, тој член на ја принудува државата само да се воздржи од такво мешање: покрај оваа негативна обврска, може да има позитивни обврски кои се инхерентни на ефикасното почитување на приватниот или семејниот живот. Овие обврски може да вклучуваат усвојување на мерки наменети да обезбедат почитување на приватниот живот дури и во сферата на односи помеѓу самите поединци (види X and Y v. the Netherlands, цитиран погоре, § 23; Botta v. Italy, 24 February 1998, § 33, Reports 1998‑I; Mikulić v. Croatia, no. 53176/99, § 57, ECHR 2002‑I; и Sandra Janković, цитиран погоре, § 44).
152. Судот има претходно одлучувано, во различни контексти, дека концептот на приватен живот го вклучува психолошкиот интегритет на личноста. Според член 8, државите во некои околности имаат должност да го заштитат психолошкиот интегритет на поединецот од акти на други лица. Судот исто така има одлучено дека постои позитивна обврска на државата да се обезбеди почитување за човековото достоинство и на квалитетот на живот во определени аспекти (види L. v. Lithuania, no. 27527/03, § 56, ECHR 2007-IV, и, mutatis mutandis, Pretty v. the United Kingdom, no. 2346/02, § 65, ECHR 2002-III).
(ii) Примена на тие принципи на случајот кој е предмет на разгледување
153. Судот смета дека актите на континуирано вознемирување исто така влијаеле и врз приватниот и семеен живот на втората жалителка. Судот одлучи дека државните органи не воспоставиле адекватни и релевантни мерки за спречување на идно вознемирување на првиот жалител. Исто така, државните органи пропуштиле да обезбедат адекватна заштита во тој поглед на и на втората жалителка. Затоа, имало повреда на член 8 од Конвенцијата во однос на втората жалителка.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 14 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
154. Жалителите исто така се жалеа дека актите на злоупотреба против нив и одговорот на надлежните органи биле дискриминаторски, по основ на нивното српско потекло и инвалидитетот на првиот жалител. Тие се повикаа на член 14 од Конвенцијата, кој предвидува:
„Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.“
Допуштеност
1. Аргументи на странките
155. Владата тврдеше дека жалителите можеле да поднесат тужба врз основа на Законот за спречување на дискриминација, со која тие можеле да побараат потврда на било каква можна дискриминација како што е наведено во Законот, наредба за отстранување на дискриминацијата и последиците од неа, како и надомест на штета.
156. Жалителите одговорија дека постапката според Законот за спречување на дискриминација не претставувала ефикасен правен лек затоа пто таа не можела да даде одговор на конкретната ситуација на која тие се жалат. Понатаму, тие тврдеа дека две години откако бил донесен Законот, немало релевантна судска пракса која би покажала дека граѓаните се чувствувале сигурни да поведат постапка врз основа на Законот, или дека постапките кои биле поведени биле водени со адекватна брзина.
2. Оцена на Судот
157. Што се однесува на член 14 од Конвенцијата, Судот повторува дека тој член нема самостојно постоење, туку игра важна улога во надополнување на другите одредби од Конвенцијата и протоколите, затоа што заштитува поединци кои се во слични ситуации од било каква дискриминација во уживањето на правата предвидени со тие други одредби (види Dudgeon v. the United Kingdom, 22 October 1981, § 67, Series A no. 45; Chassagnou and Others v. France [GC], nos. 25088/94, 28331/95 and 28443/95, § 89, ECHR 1999-III; и Timishev v. Russia, nos. 55762/00 and 55974/00, § 53, ECHR 2005-XII). Иако примената на член 14 не претпоставува повреда на тие одредби – и во тој степен е автономен – тој не може да се примени освен ако фактите за кои станува збор влегуваат во досегот на една или повеќе од тие други одредби (види, на пример, Van Buitenen v. the Netherlands, no. 11775/85, Commission decision of 2 March 1987, и Cha’are Shalom Ve Tsedek v. France [GC], no. 27417/95, § 86, ECHR 2000‑VII).
158. Судот исто така има одлучено дека дури и во ситуација во која материјалната одредба не е применлива, член 14 може сепак да биде применлив (види Savez crkava “Riječ života” and Others v. Croatia, no. 7798/08, § 58, 9 December 2010). Затоа, прашањата на допуштеност во однос на член 14 мора да бидат испитани посебно.
159. Што се однесува на овој случај, Судот ќе го разгледа по член 14 прашањето на искористување на домашните правни лекови во врска со Законот за спречување на дискриминација. Во врска со тоа, Судот воочува дека тој веќе разгледувал прашање на искористување на домашните лекови во однос на жалбен навод за дискриминација одвоено од прашањата за искористување на домашни лекови во однос на главниот жалбен навод (види Valkov and Others v. Bulgaria, nos. 2033/04, 19125/04, 19475/04, 19490/04, 19495/04, 19497/04, 24729/04, 171/05 and 2041/05, §§ 104-108, 25 October 2011). Овој пристап оди заедно со принципот дека кога има повикување на материјална одредба на Конвенцијата или нејзините протоколи сама по себе и на таа одредба земена во врска со член 14 и била утврдена посебна повреда на материјалната одредба, Судот не секогаш може да смета дека е неопходно го разгледа случајот и од аспект на член 14, иако поинаков е ставот кога очигледна нееднаквост во постапувањето во уживањето на правото за кое станува збор е фундаментале аспект на случајот (види Dudgeon, цитиран погоре, § 67; Chassagnou and Others, цитиран погоре, § 89; и Timishev, цитиран погоре, § 53).
160. Што се однесува на овој случај, Судот воочува дека Законот за спречување на дискриминација посебно упатува на дискриминација заснована на здравствена состојба и инвалидитет, како и врз етничко потекло (види член 1 од Законот). Законот предвидува спектар на правни лекови, вклучувајќи и потврдување на дискриминација, забрана на дискриминаторски акти и надомест на штета. Исто така може да се употребат правни лекови против државните органи во случај на наводно пропуштање тие да преземат дејствие (види параграф 74 погоре).
161. Заштитата од дискриминација треба да се бара пред домашните судови и предвидена е жалба против пресуда од прв степен, како и уставна жалба. Правото да не се биде дискриминиран е исто така предвидено со хрватскиот Устав, а Конвенцијата е директно применлива во Хрватска. За да го почитуваат принципот на супсидијарност, жалителите, пред да ги поднесат нивните жалбени наводи пред Судот, мора прво да им дадат прилика на домашниот суд да ја поправат нивната ситуација и да одговорат на прашањата кои сакаат да ги истакнат пред Судот.
162. Со оглед на наведеното, Судот смета дека тужба според одредбите на Законот за спречување на дискриминација претставува ефикасен домашен правен лек и дека правилното искористување на тој лек би можело да доведе до потврда на наводната повреда и надомест на штета. Во случај тужбата на жалителите да не била успешна пред обичните судови, тие исто така би можеле да поднесат уставна жалба до Уставниот суд. Сепак, жалителите не ги искористиле правните лекови кои им биле на располагање.
163. Следува дека овој жалбен навод мора да биде отфрлен според член 35 §§ 1и 4 oд Конвенцијата поради неискористување на домашните правни лекови.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 13 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
164. Жалителите тврдеа дека тие немале ефикасен правен лек во однос на нивните жалбени наводи според Конвенцијата. Тие се повикаа на член 13 од Конвенцијата, кој предвидува:
„Секој, чии права и слободи признати со оваа Конвенција, се повредени, има право на ефикасен правен лек пред националните органи, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност“
A. Допуштеност
1. Што се однесува на жалбените наводи на жалителите по член 3 и член 8 од Конвенцијата
165. Судот воочува дека овој жалбен навод е поврзан со наводот разгледан погоре според член 3 и член 8 од Конвенцијата и мора исто така да биде прогласен за допуштен.
2. Што се однесува на жалбените наводи на жалителите по член 14 од Конвенцијата
166. Судот веќе утврди дека во однос на нивниот жалбен навод по член 14 од Конвенцијата, жалителите имале на располагање ефикасен правен лек – тужба според одредбите на Законот за спречување на дискриминација – кој тие не го искористиле. Следува дека овој дел од жалбата е очигледно неоснован и мора да биде отфрлен според член 35 §§ 3 (a) и 4 oд Конвенцијата.
Б. Основаност
167. Жалителите тврдеа дека тие немале ефикасен правен лек со кој би добиле заштита од акти на злоупотреба и насилство. Судот воочува дека Владата сугерираше повеќе правни лекови кои наводно им биле на располагање во тој поглед. Сепак, Судот утврди дека ниту еден од лековите на кои се повика Владата не би можеле да одговорат на ситуацијата на жалителите во врска со нивните жалбени наводи по член 3 и член 8 од Конвенцијата.
168. Затоа, Судот смета дека жалителите немале на располагање ефикасен правен лек во однос на нивните жалбени наводи по член 3 и член 8 од Конвенцијата. Затоа, имало повреда на член 13 од Конвенцијата.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
169. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
A. Штета
170. Жалителите побараа 10,000 евра за секој од нив поединечно во однос на нематеријална штета.
171. Владата процени дека бараниот износ бил превисок и непоткрепен со докази.
172. Со оглед на сите околности на овој случај, Судот прифаќа дека жалителите претрпеле нематеријална штета која не може да биде надоместена само со утврдување на повреда. Правејќи ја својата оцена на правична основа, Судо им доделува на жалителите заедно износ од 11,500 евра за нематеријална штета, плус секој данок кој може да им биде пресметан.
Б. Трошоци на постапката
173. Жалителите, на кои им беше доделена правна помош од програмата на Советот на Европа, исто така бараа 1,206 евра за трошоците направени пред домашните судови и 4,997.13 евра за трошоците од постапката пред Судот.
174. Владата изјави дека жалителите не доставиле детални докази за нивното барање.
175. Според судската пракса на Судот, еден жалител има право на надоместување на трошоците само во оној обем во кој било докажано дека тие биле навистина и целесообразно направени и кои се со разумен износ. Во овој случај, со оглед на документите со кои располага и горните критериуми, Судот смета дека трошоците на жалителите во врска со жалбените наводи пред домашните органи за нивното вознемирување биле во суштина насочени кон поправање на повредата на правата на Конвенцијата кои се поднесени пред Судот, и дека тие трошоци може да бидат земени во предвид при оценувањето на барањето за надомест на трошоци (види Scordino v. Italy (no. 1) [GC], no. 36813/97, § 284, ECHR 2006‑V, and Medić v. Croatia, no. 49916/07, § 50, 26 March 2009). Со оглед на информациите со кои располага и горните критериуми, Судот им доделува на жалителите заедно 1,206 евра за трошоците од домашната постапка и 3,500 евра за трошоците пред Судот, минус 850 евра кои веќе беа доделени за правна помош од Советот на Европа, плус секој данок кој за тој износ може да им биде пресметан на жалителите.
В. Затезна камата
176. Судот смета дека е соодветно затезната камата да се пресмета согласно најниската каматна стапка на Европската централна банка, на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ТИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ги прогласува жалбените наводи по член 3 и член 8, како и жалбениот навод по член 13 од Конвенцијата во делот во кој се однесува на наводите од член 3 и член 8, за допуштени а останатиот дел од жалбата за недопуштен;
2. Одлучува дека имало повреда на член 3 од Конвенцијата во однос на првиот жалител;
3. Одлучува дека имало повреда на член 8 од Конвенцијата во однос на втората жалителка;
4. Одлучува дека имало повреда на член 13 од Конвенцијата;
5. Одлучува
(a) дека тужената држава треба да им ги плати на жалителите заедно, во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане конечна во согласност со член 44 § 2 oд Конвенцијата, следните износи, кои треба да се конвертираат во валутата на тужената држава по курсот кој важи на денот на исплата:
(i) 11,500 евра (единаесет илјади и петстотини евра), плус секој данок кој може да биде пресметан, за нематеријална штета;
(ii) 4,706 евра (четири илјади седумстотини и шест евра), минус 850 евра (осумстотини и педесет евра), плус секој данок кој може да им биде пресметан на жалителите, во однос на трошоци и издатоци;
(б) дека по истекот на наведените три месеци до исплата ќе се исплати камата на следните износи еднаква на најниската каматна стапка на Европската централна банка во текот на односниот период плус три процентни поени;
6. Го одбива останатиот дел од барањето за правично задоволување.
Søren NielsenAnatoly Kovler
СекретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy