© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА ДВОРСКИ против ХРВАТСКА
(Жалба бр. 25703/11)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
20 октомври 2015 год.
Оваа пресуда е конечна но може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот на Дворски против Хрватска,
Европскиот суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет во состав:
Дин Шпилман (Dean Spielmann), претседател,
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Гвидо Раимонди (Guido Raimondi),
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Боштјан М. Зупанчич (Boštjan M. Zupančič),
Јан Шикута (Ján Šikuta)
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Луиз Лопез Гера (Luis López Guerra),
Здравка Калајџиева (Zdravka Kalaydjieva),
Пауло Пинто де Албукерки (Paulo Pinto de Albuquerque),
Хелен Келер (Helen Keller),
Пол Махони (Paul Mahoney),
Јоханес Силфис (Johannes Silvis),
Валериу Гритско (Valeriu Griţco),
Фарис Вахабиќ (Faris Vehabović),
Ксенија Турковиќ (Ksenija Turković),
Јон Фридрик Кулбро (Jon Fridrik Kjølbro), судии,
и Лоренс Иерли (Lawrence Early), правен советник,
Откако го разгледа случајот на затворени седници на 21 јануари и 26 август 2015 година,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 25703/11) против Република Хрватска поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на г-динот Иван Дворски („жалителот“), на 16 април 2011 година.
2. Жалителот беше застапуван од г-ата С. Марошевац Чапко, адвокат со пракса во Риека. Хрватската Влада („Владата“) беше застапувана од нејзиниот агент, г-ата Ш. Стажник.
3. Жалителот тврдеше, конкретно, дека тој немал правично судење бидејќи не му било дозволено да биде застапуван од адвокат по сопствен избор за време на полицискиот распит, и дека инкриминирачките изјави што ги дал биле употребени за да го осудат.
4. Жалбата ѝ беше доделена на Првата секција на Судот (правилото 52 § 1 од Деловникот на Судот). На 28 јуни 2011 г. претседателот на Секцијата одлучи да ја извести Владата за жалбата. На 5 ноември 2013 година Судскиот совет на таа секција, во состав Изабел Беро (Isabelle Berro), претседател, Мирјана Лазаровска- Трајковска (Mirjana Lazarovska-Trajkovska), Јулија Лафранк (Julia Laffranque), Линос-Александер Сицилианос (Linos-Alexandre Sicilianos), Ерик Мосе (Erik Møse), Ксенија Турковиќ (Ksenija Turković), Дмитри Дедов (Dmitry Dedov), судии и Сорен Нилсен (Søren Nielsen), секретар на Секцијата, усвоија пресуда. Тие едногласно ја прогласија жалбата по основ на членот 6 § 1 од Конвенцијата за допуштена, а остатокот на жалбата за недопуштена. Тие одлучија со мнозинство гласови дека немало повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата. Заедничкото мислење на несогласување на судиите Беро и Лафранк било приложено кон пресудата.
5. Со писмо од 21 февруари 2014 г. жалителот побара случајот да се упати на Големиот согласно членот 43 од Конвенцијата. Панелот на Големиот судски совет го одобри барањето на 14 април 2014 година.
6. Составот на Големиот судски совет беше утврден според одредбите од член 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и правилото 24.
7. Судијата Ишил Каракаш последователно беше спречен да учествува во случајот и беше заменет од првата замена, судијата Јан Шикута (правило 28).
8. И жалителот и Владата поднесоа дополнителни забелешки на писмено во однос на основаноста (правило 59 § 1).
9. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 21 јануари 2015 година (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(a) за Владата
Г-аШ. Штажник (Š. Stažnik),агент,
Г-аН. Катиќ (N. Katić),
Г-аМ. Бришки (M. Briški),
Г-аС. Рагуж (S. Raguž),
Г-дин З. Будимир (Z. Budimir),советници,
(б) за жалителот
Г-ѓаС. Марошевац-Чапко (S. Maroševac-Čapko),адвокат.
Судот ги сослуша обраќањата на г-ата Марошевац-Чапко и г-ата Стажник, како и одговорите на прашањата поставени од судиите Гритско, Лопез Гера, Вехабовиќ, Хирвела, Пинто де Албукерки, Зупанчиќ и Шикута.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
10. Жалителот е роден во 1986 година и живее во Риека.
А. Општи информации за случајот
11. На 13 март 2007 година, меѓу 2.00 и 3.30 часот наутро, биле извршени три убиства, вооружен грабеж и бил подметнат пожар во Вежица, станбена населба во Риека.
12. Подоцна тој ден, повеќе лица од Вежица биле донесени на распит во Приморско-горанската полициска управа на риечката Трета полициска станица (Policijska uprava Primorsko-goranska, Treća policijska postaja Rijeka; во понатамошниот текст „Риечката полициска станица”).
13. Околу 13 часот истиот ден, жалителот бил донесен во Риечката полициска станица на распит. Примероци од крв му биле земени за ДНК анализа и полицијата направила претрес на неговиот стан и мобилен телефон и заплениле неколку лични предмети.
14. Жалителот бил задржан во Риечката полициска станица до неговото формално апсење во 9.50 часот наутро на 14 март 2007 година во врска со горенаведените дела.
Б. Распитот на жалителот од страна на полицијата на 14 март 2007 година
1. Верзијата на жалителот за тоа што се случило
15. Според жалителот околу 10.40 часот наутро на 14 март 2007 година неговата мајка, која живеела и работела во Италија, му се јавила на адвокатот Г.М. и побарала тој да го застапува жалителот. Г.М. пристигнал во Риечката полициска станица во 10.45 часот наутро, но полициските службеници одбиле да го пуштат да го види жалителот. Г.М. останал во Риечката полициска станица до пладне. Тој сакал да поднесе кривична жалба против непознато лице за злоупотреба на службената должност и незаконско извлекување на признание, но полициските службеници одбивале да ја прифатат неговата жалба по основ дека немал полномошно и го истерале од полициската станица. Г.М. веднаш ги информирал замениците жупански јавни обвинители за Риека, Д.К. и И.Б. за инцидентот и тие тоа го забележале во своето досие за случајот. Жупанскиот суд на Риека исто така веднаш бил информиран.
16. Во околу 13.30 часот таткото на жалителот потпишал полномошно за адвокатот Г.М. за да го брани неговиот син. Правниот приправник, Б.П. потоа се обидел да го достави полномошното во полицијата, но му било кажано да замине.
17. Некаде меѓу 15.00 и 15.30 часот Г.М. повторно се обидел да стапи во контакт со жалителот во Риечката полициска станица, но не му било дозволено да влезе.
18. Околу 15.30 часот Г.М. ги пријавил претходно опишаните настани на шефот на Приморско-горанската полициска управа, г-динот В. кој направил белешка од нивниот разговор.
19. Жалителот во ниеден момент не бил информиран од полицијата дека Г.М. бил ангажиран и дека дошол во Риечката полициска станица.
20. Според жалителот, тој во повеќе наврати побарал од полициските службеници во Риечката полициска станица да биде повикан Г.М., но му било кажано дека се обиделе да стапат во контакт со него, но дека немало одговор.
2. Верзијата на Владата за тоа што се случило
21. Според Владата, во 18.00 часот на 14 март 2007 година жалителот се согласил да биде застапуван од адвокат, М.Р., поранешен началник на Приморско-горанската полиција. Тој пристигнал во Риечката полициска станица околу 19.45 часот. Владата изјави дека жалителот го избрал М.Р. од листа на адвокати на Адвокатската комора на Риека која му била дадена од полицијата и дека распитот на жалителот започнал во 20.10. часот. Според записникот од распитот на жалителот, полицијата го поучила за неговото право да не се инкриминира себе и за неговото право на молк и дека тој изречно кажал за записникот дека адвокат му бил М.Р.
3. Извадок од записникот од распитот на жалителот
22. Во релевантниот дел од записникот од полицискиот распит на жалителот од страна на полициските службеници Т.К. и З.Н. на 14 март 2007 година, кој започнал во 20.10 часот и завршил во 23 часот се вели:
„Информиран сум за причините за моето апсење, кривичните дела за кои сум обвинет, моите права, правото да не одговорам и правото да бидам законски застапуван, како и правото членовите на моето семејство да бидат информирани за моето апсење. Избрав и овластив адвокат од Риека, М.Р., да ме застапува во овие постапки, и го консултирав на само; после консултацијата со адвокатот [М.]Р. одлучив да дадам исказ.
...”
Записникот потоа го дава описот на жалителот за настаните во прашање во врска со обвиненијата против него: тој признал дека вечерта на 13 март 2007 година заедно со Л.О. и Р.Љ. отишле во станот на Ѓ.В. во Вежица, каде зеле одреден износ пари од Ѓ.В. и потоа пукале и ги убиле него, неговата девојка и неговиот татко. Потоа го запалиле нивниот стан за да уништат секакви траги дека биле таму. Тој исто така изјавил дека тој им ветил на Л.О. и Р.Љ. дека тој ќе ги признаел кривичните дела и дека тој ќе ја презел вината доколку биле уапсени.
Во последниот дел од записникот се вели:
„Немам симптоми на апстиненција или некоја друга криза. Доброволно дадов докази во присуство на мојот адвокат и жупанскиот јавен обвинител. Ја прочитав целата изјава и ја потпишувам како веродостојна.“
Секоја страница од записникот од изјавата на жалителот е потпишана од него.
В. Распит кај истражен судија на 15 март 2007 година 2007 година во 13.15 часот
23. Во релевантниот дел од писмениот записник од распитот на жалителот кај истражниот суд се вели:
„Како одговор на прашање од судот за изборот на адвокатот, бидејќи досието за случајот вклучува записник од распитот на осомничениот во присуство на адвокатот бранителот М.Р., како и полномошно потпишано од родителите во корист на Г.М., осомничениот одговори:
„Јас ќе го потпишам полномошното за г-динот Г.М. адвокат од Риека и со ова го повлекувам полномошното дадено на адвокатот М.Р.’
...
Како одговор на прашање од адвокатот на одбраната за тоа дали тој го ангажирал адвокатот [М.]Р. осомничениот одговара:
‘Не, не го ангажирав. Ја конкретно им кажав на полициските службеници дека сакав Г.М. да ме застапува.
Не знам ништо за тоа дека Г.М. дошол во полициската станица.’
...
Како одговор на дополнителното прашање на адвокатот на одбраната дали тој бил под дејство на дрога, обвинетиот одговара:
‘Бев под дејство на алкохол и дрога.’
...”
24. На 16 март 2007 година Г.М. побарал од истражниот судија риечкиот жупански јавен обвинител и сите негови заменици да бидат отстранети од случајот. Истражниот судија барањето го доставил до Риечкото жупанско јавно обвинителство. Во релевантниот дел од барањето се вели:
„Пред околу триесет минути, адвокатот на одбраната дозна дека риечкиот жупански јавен обвинител, Д.Х., бил присутен на распитот на Иван Дворски како осомничен од страна на Риечката полициска станица на 14 март 2007 година во околу 19.00 часот во присуство на ‘бранителот’ М.Р.
На истиот датум во околу 10.40 часот наутро мајката на Иван Дворски, Љ.Д., која живее и работи во Италија, му се јавила [на Г.М.] и побарала од него да го брани нејзиниот син Иван, кој бил осомничен за тешко убиство. Во приближно 10.45 часот наутро [Г.М.] дошол во Риечката полициска станица, но полициските службеници одбиле да го пуштат да го види Иван Дворски и исто така не му кажале [на Иван Дворски] дека неговата мајка ангажирала адвокат. [Г.М.] останал во Риечката полициска станица до пладне. Тој сакал да поднесе кривична претставка против непознато лице за злоупотреба на службената должност и незаконско извлекување на признание, но полициските службеници одбиле да ја прифатат неговата претставка по основ дека немал полномошно и го истерале од полициската станица. [Г.М.] веднаш ги информирал риечките замениците жупански јавни обвинители, Д.К. и И.Б. за инцидентот и тие тоа го забележале во своето досие за случајот.
Оттука, во околу 12.30 часот риечкиот јавен обвинител веќе знаел дека [ГМ] бил ангажиран од страна на мајката [на Иван Дворски] и дека тој не бил во можност да стапи во контакт со својот клиент.
Жупанскиот суд [на Риека] исто така веднаш бил информиран.
Во околу 13.30 часот таткото на Иван Дворски потпишал полномошно за одбраната на неговиот син. Правниот приправник, Б.П. [потоа] се обидел да го достави полномошното во полицијата, но му било речено ‘да оди да се ебе со своето полномошно’ и затоа не било доставено.
Приближно околу 15.00 - 15.30 часот бранителот [Г.]М. повторно се обидел да стапи во контакт со својот клиент во Риечката полициска станица, но не му било дозволено да се види со него ... Меѓутоа, обвинетиот никогаш не бил информиран дека бил ангажиран адвокат за неговата одбрана и дека тој дошол во Риечката полициска станица.
Приближно во 15.30 часот [Г.М.] го информирал началникот на Приморско-горанската полициска управа ... г-динот В., кој наводно направил службена белешка во врска со нивниот разговор. Меѓутоа, обвинетиот никогаш не бил информиран дека адвокат на одбраната бил ангажиран и исто така никогаш не прашал дали сакал да биде застапуван од адвокатот ангажиран од неговото семејство.
Покрај тоа, уште од моментот кога бил донесен во Риечката полициска станица [Иван Дворски] во неколку прилики побарал [Г.М.] да биде повикан, но му било кажано од полициските службеници дека тие се обиделе но не успеале да го добијат. Кога бил донесен во полициската станица, на обвинетиот му биле земени примероци на крв. Тие покажуваат дека тој имал високо ниво на алкохол и дрога во неговата крв.
Меѓу 13.00 часот на 13 март 2007 година и околу 19.00 часот на 14 март 2007 година (овие временски периоди му се познати само на [Г.М.] од неформални извори, бидејќи тој немал пристап во досието на риечкиот жупански јавен обвинител) на обвинетиот не му било дадено ништо да јаде.
Јасно е дека иако сите овие факти му биле познати на риечкиот јавен обвинител, Д.Х., тој ги отфрлил и иако лично бил присутен, дозволил обвинетиот да биде испрашан во присуство на адвокат кој [ниту бил побаран од него] ниту ... ангажиран од неговото семејство. Овие достигнува ниво на незаконско извлекување на признание, со што се прекршува членот 225 § 8 од Законот за кривична постапка, со оглед дека риечкиот јавен обвинител, околу 12.30 часот [на 14 март 2007 година] знаел кој бил [избраниот] адвокат [на жалителот.]
На истиот датум [Г.М.] испратил полномошно до Приморско-горанската полициска управа и писмени претставки исто така биле испратени до Врховниот суд на Република Хрватска, главниот јавен обвинител на Република Хрватска, Риечкото жупанско јавно обвинителство, Хрватската адвокатска комора, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, началникот на Приморско-горанската полициска управа и Риечкиот жупански суд. ...”
Г. Истрага
25. На 16 март 2007 година била отворена истрага за жалителот, Л.О. и Р.Љ. под сомнеж дека извршиле три тешки убиства и подметнување на пожар во Вежица на 13 март 2007 година.
26. На 23 март 2007 година главниот јавен обвинител на Република Хрватска (Glavni državni odvjetnik Republike Hrvatske) го отфрлил барањето на Г.М. за отстранување на риечкиот жупански јавен обвинител по основ дека немало причина да биде дисквалификуван од случајот. Релевантниот дел од одлуката вели:
„... изјава на Д.Х., риечкиот жупански јавен обвинител, била добиена.
Во неговата изјава риечкиот жупански јавен обвинител вели дека на 14 март 2007 година во приближно 10.00 часот наутро тој бил во просториите на риечката Трета полициска станица со неговата колешка И.Б.-Л., каде биле информирани за доказите што до тогаш биле собрани и сите докази кои требале уште да се соберат во врска со настаните во прашање. Тој се вратил во зградата на жупанското јавно обвинителство во околу 13.00 часот, кога заемниците Д.К. и И.Б. го информирале дека адвокатот Г.М. дошол во просториите на жупанското јавно обвинителство и се жалел на однесувањето на полициските службеници од риечката Трета полициска станица, иако добил усно одобрение од мајката на Иван Дворски [која му се јавила од] Италија. Адвокатот не дал никаков доказ дека бил ополномоштен да го застапува Иван Дворски или за неговиот разговор со мајката на Иван Дворски. Тој не можел да стапи во контакт со таткото на осомничениот, бидејќи не можел да го најде со оглед дека немал постојана адреса.
Откако [риечкиот жупански јавен обвинител Д.Х.] ги напуштил просториите на жупанското јавно обвинителство, тој немал повеќе информации за активностите на гореспоменатиот адвокат.
Во 17.00 часот [Д.Х.] се вратил во риечката Трета полициска станица во врска со случајот во прашање. Таму, еден инспектор на Приморско-горанскаата полициска управа му кажал дека осомничениот Иван Дворски сакал да ја презентира својата одбрана во присуство на адвокатот М.Р. и било договорено дека распитот ќе започнел во 19.00 часот. М.Р. пристигнал во Третата полициска станица во 18.40 часот и заедно отишле во просторијата каде се наоѓал осомничениот Иван Дворски. Таму, осомничениот потпишал полномошно за адвокатот М.Р., и се согласил [М.Р.] да присуствува за време на неговиот распит од страна на полицијата. После тоа на барање на М.Р. на осомничениот му било дозволено да зборува со адвокатот на само. После десет минути тие сите се префрлиле во друга просторија, каде осомничениот, во присуство на неговиот адвокат, жупанскиот јавен обвинител, двајца полициски инспектори и дактилографка ја изнел својата одбрана, која била евидентирана на писмено, и сето ова траело повеќе од три часа. После тоа сите го потпишале записникот [од распитот] и ја напуштиле просторијата заедно со адвокатот М.Р.
...”
27 На 26 март 2007 година риечкиот жупански јавен обвинител го отфрлил барањето за отстранување на неговите заменици по истиот основ. Релевантниот дел од одлуката вели:
„Риечкиот заменичката жупанска јавна обвинителка И.Б.-Л., рекла дека таа не учествувала воопшто во полицискиот распит на Иван Дворски, и дека таа не знаела ништо за таа фаза од постапките и, особено, дека таа немала никакви информации за застапувањето на Иван Дворски или за изборот на неговиот адвокат за време на неговиот распит. Таа само знаела дека на 14 март 2007 година адвокатот Г.М. дошол во просториите на риечкиот жупански јавен обвинител каде што се сретнала со него. Тој се жалел за изборот на бранителот за Иван Дворски. Тој рекол дека тој му бил адвокат на Иван Дворски, кој бил овластен од неговата мајка по телефон. Таа [И.Б.-Л.] му кажала дека тоа не претставува валидно полномошно ...
Изјавите на риечките заменици жупански јавни обвинители Д.К. и И.Б. покажуваат дека единствената информација кои ја имале за однесувањето на полицијата дошла од адвокатот [Г.]М., кој сакал да се жали на однесувањето на полициските службеници во врска со изборот на адвокат што требал да го застапува и брани Иван Дворски. ... Д.К. изработил службена белешка за ова прашање и му ја покажал на Г.М. Изјавите на риечките заменици жупански јавни обвинители Д.К. и И.Б. покажуваат дека [Г.М.] спомнал дека мајката на Иван Дворски, која живеела во Италија и со која Г.М. разговарал на телефон му дала полномошно. Замениците му кажале дека полномошното што било дадено по телефон не можело да се смета за валидно. Тие не знаеле за некакви други дејствија, вклучително и добивање на полномошно од таткото на Иван Дворски ...“
28. На 28 март 2007 година Г.М. го информирал риечкиот Жупански суд дека тој повеќе не го застапувал жалителот и на 30 март 2007 година претседателот на риечкиот Жупански суд ја назначил С. Марошевац-Чепко, адвокат од правната помош да го застапува жалителот.
29. За време на истрагата биле собрани докази од повеќе сведоци, и извештај од испитувањето на местото на злосторството и претресот и запленувањето како и медицинско и балистичко вештачење и вештачење на пожарот кои ги обезбедил истражниот судија.
Д. Постапки во врска со обвинението
30. На 12 јули 2007 година риечкото жупанско јавно обвинителство ги обвинило жалителот, Л.О. и Р.Љ. во риечкиот Жупански суд за три тешки убиства и подметнување на пожар извршени на 13 март 2007 година во Вежица.
31. Жалителот, застапуван од адвокатот доделена како правна помош С.М.Ч., поднел приговор против обвинението до риечкиот Жупански суд на 24 јули 2007 година по основ дека истото содржело бројни значителни и процедурални грешки. Тој тврдел дека тој ја дал својата изјава во полицијата под дејство на алкохол и дрога. Тој не дал никакви коментари во однос на неговото правно застапување за време на полицискиот распит.
32. Приговорот на жалителот против обвинението бил отфрлен како неоснован од панел од тројца судии од риечкиот Жупански суд на 28 август 2007 година.
33. На 9 октомври 2007 година, првиот ден од судењето, жалителот и другите обвинети се изјасниле дека не се виновни по ниедно од обвинувањата и во основниот суд биле сослушани седум сведоци.
34. Друг претрес бил одржан на 11 октомври 2007 година, на кој судот ги разгледал видео снимките од местото на злосторството и аутопсијата на жртвите.
35. Дополнителни претреси биле одржани на 12 ноември 2007 година и 11 јануари 2008 година, на кои судот ги чул доказите изнесени од девет сведоци.
36. На претресот на 14 јануари 2008 година сведочеле двајца вештаци по токсикологија, еден вештак за отпечатоци од прсти, еден балистички вештак и еден ДНК вештак. Одбраната не дала приговор во однос на нивните докази. На истиот претрес исто така сведочеле четири други сведоци.
37. На претресот на 15 јануари 2008 година судот го чул сведочењето на друг вештак по токсикологија и патологија, како и тринаесет други сведоци. Одбраната не дала приговор во однос на доказите изнесени од вештаците и побарала судот да побара психијатриско мислење за жалителот.
38. На истиот претрес адвокатот на одбраната побарала извештај од вештак за ракопис да биде побаран во однос на потписот на жалителот на записникот од изјавата дадена на полицијата на 14 март 2007 година. Таа тврдела дека жалителот не потпишал никаков записник за време на неговиот распит од полицијата.
39. Судот сметал дека во тоа време не било неопходно да се побара психијатриско мислење и затоа било отфрлено барањето на жалителот за такво нешто. Меѓутоа, бил побаран извештај од вештак за ракопис во врска со потписот на записникот од изјавата на жалителот дадена во полиција.
40. На 23 јануари 2008 година вештакот за ракопис го поднела својот извештај. Таа открила дека жалителот го потпишал записникот од неговата изјава дадена на полицијата на 14 март 2007 година.
41. Друг претрес бил одржан на 12 март 2008 година, на кој еден медицински вештак, вештак за пожари и други сведоци сведочеле. Вештакот за ракопис усно изнела докази потврдувајќи ги своите претходни наоди. Адвокатот на жалителот ја оспорила точноста на наодите и побарала да се побара друг извештај, но барањето било отфрлено од судот. На истиот претрес судот побарал психијатриско мислење за жалителот и другите обвинети.
42. На 2 април 2008 жалителот побарал од риечкиот Жупански суд да го повика адвокатот Г.М. како сведок во врска со наводното незаконско извлекување на признание од полицијата. Тој посочил дека на Г.М. не му било дозволено да го види додека бил во полициски притвор и изјавил дека тој бил присилен да признае од страна на полициските службеници.
43. На 24 април 2008 година два психијатриски вештаци ги поднеле своите извештаи до риечкиот Жупански суд. Тие утврдиле дека жалителот бил на граница на нарушување на личноста и зависник од хероин и алкохол. Меѓутоа, тие сметале дека немал никакво дистинктивно ментално нарушување или болест. Тие заклучиле дека, дури и под претпоставка дека тој бил под дејство во времето кога биле извршени убиствата, тој бил ментално способен да ја сфати природата на своите дела, иако неговиот ментален капацитет во одредена мерка бил намален. Што се однесува до менталниот капацитет во врска со обвинението за подметнување на пожар, тие заклучиле дека во времето кога делото било извршено жалителот можел да ја сфати природата на своите дела и да ги контролира своите дејствија.
44. На претресот на 26 јуни 2008 година психијатриските вештаци ги потврдиле своите наоди и странките не дале никаков приговор во однос на нивните докази. Судот исто така го отфрлил барањето на жалителот за адвокатот Г.М. да биде сослушан како сведок, врз основ дека сите релевантни факти веќе биле утврдени.
45. На истиот претрес еден од обвинетите, Р.Љ. го потврдил текот на настаните како што биле опишани од жалителот во неговата изјава дадена на полицијата на 14 март 2007 година. Р.Љ. меѓутоа тврдел дека тој лично не учествувал во убиствата, бидејќи испаничил и го напуштил станот кога чул расправање.
46. Откако Р.Љ. ја дал својата изјава, заменикот жупански јавен обвинител го изменил обвинението. Жалителот бил обвинет по три точки на тешко убиство, вооружен грабеж и подметнат пожар, а Л.О. и Р.Љ. биле обвинети за вооружен грабеж и помагање на сторител на кривично дело. Жалителот и другите обвинети се изјасниле дека не биле виновни за обвиненијата наброени во изменетото обвинение.
47. На 27 јуни 2008 година Л.О. во своето сведочење го повторил текот на настаните како што ги опишал Р.Љ. Тој изјавил дека откако жалителот се степал со Ѓ.В., тој чул истрели, по што испаничил и го напуштил станот.
48. На истиот претрес странките ги поднеле своите завршни аргументи. Бранителката на жалителот тврдела дека не било докажано дека жалителот ги извршил делата за кои бил обвинет. Меѓутоа, таа посочила дека доколку првостепениот суд зазел поинаков став, тогаш признанието на жалителот во полицијата и неговото искрено жалење морале да се земат во предвид при одредувањето на казната.
49. На 30 јуни 2008 година Жупанскиот суд на Риека го прогласил жалителот за виновен по трите точки на тешко убиство и за обвиненијата за вооружен грабеж и подметнување на пожар и го осудил на четириесет години казна затвор. Првостепениот суд го разгледал признанието на жалителот наспроти тие на другите сообвинети Л.О. и Р.Љ., и одлучил дека неговото обвинение било во суштина доследно на доказите што тој ги дал. При прогласувањето на жалителот за виновен првостепениот суд исто така го проценил и неговото признание наспроти доказите од досието за случајот.
50. Првостепениот суд се потпирал конкретно на записниците од претресот и запленувањето и фотографиите, кои го опишале обвинетиот Л.О. дека го држел истиот тип на пиштол како тој употребен за убиството. Врз основа на изјавите на сведоците и снимките во камерите за видео надзор во близина, првостепениот суд заклучил дека жалителот и другите сообвинети дошле во станот на Ѓ.В. на критичниот датум. Исто така, балистичките извештаи и извештаите од местото на злосторството посочувале дека деталите од изјавите на жалителот и неговите сообвинети биле прецизни и текот на настаните бил потврден врз основа на извештајот за пожарот, балистичкиот и токсиколошкиот извештај како и ДНК извештајот. Првостепениот суд исто така одлучил дека изјавите на обвинетите за осудениот во однос на начинот на кој биле извршени убиствата биле поткрепени од извештајот од аутопсијата, доказите од патологот дадени на судењето, извештајот од местото на злосторството и сведочењата за истрелите кои биле чуени во станот на Ѓ.В. Исто така, што се однесува до обвинението за подметнување на пожар, првостепениот суд го разгледал материјалот од истрагата на местото на злосторството и доказите од извештајот на вештакот за пожар, како и медицинската евиденција и извештаите за штетата поднесени од жртвите и изјавите на низа станари во зградата каде што се случил пожарот.
51. Што се однесува до распитот на жалителот од страна на полицијата и барањето на одбраната да ги чуе доказите од адвокатот Г.М. (види параграфи 41 и 43 горе), Жупанскиот суд на Риека забележал:
„Првообвинетиот Иван Дворски го признал кривичното дело кражба, тешко убиство на Ѓ.В., М.Ш. и Б.В. ... точно како што е наведено во оперативниот дел од оваа пресуда, пред полицијата и во присуство на бранител. Подоцна тој се обиде да ја оспори изјавата, тврдејќи дека тој не го ангажирал адвокатот М.Р., дека тој им кажал на полициските службеници дека сакал Г.М. да му биде адвокат, дека во времето кога бил однесен во полициската станица бил под дејство на алкохол и дрога и сл. Меѓутоа, оваа одбрана не е прифатлива. Писмениот записник од апсењето покажува дека првообвинетиот Иван Дворски бил уапсен на 14 март 2007 година во 9.50 часот наутро во риечката Трета полициска станица, а адвокатот [М.]Р., во чија корист првообвинетиот Иван Дворски потпишал полномошно, дошол во полициската станица на 14 март 2007 година во 19.45 часот. Писмениот записник од распитот на во тоа време осомничениот Иван Дворски покажува дека М.Р. бил информиран во 18.15 часот и дека распитот започнал во 20.10 часот. Покрај полициските службеници од риечката полиција, дактилографка и бранителот на тогаш осомничениот Иван Дворски, на распитот бил присутен и жупанскиот јавен обвинител. Воведниот дел од писмениот записник [укажува] дека тогаш осомничениот Иван Дворски јасно изјавил дека тој избрал да го овласти М.Р. да биде негов адвокат и дека се консултирал со него после што одлучил да даде изјава. Писмениот записник е соодветно потпишан од присутните лица. Првообвинетиот Иван Дворски го прочитал записникот пред да го потпише. Оттука, горенаведеното покажува вон секаков сомнеж дека првообвинетиот Иван Дворски дека не го ангажирал М.Р. за негов адвокат било неосновано. За време на судењето на барање на одбраната на Иван Дворски, вештак за ракопис дал свое мислење на потписот на Иван Дворски за писмениот записник од неговиот распит од страна на полицијата. Вештачењето докажа вон секаков сомнеж дека оспорениот потпис бил тој на Иван Дворски. Панелот го прифаќа таквиот наод во целост; наодите биле дополнително објаснети на претресот од страна на вештакот Љ.З. Нејзините наоди биле изнесени на објективен, непристрасен и стручен начин. Оттука распитот на првообвинетиот Иван Дворски од страна на полицијата бил спроведен во согласност со одредбите од Законот за кривична постапка.
...
Барањето поднесено од одбраната [на Иван Дворски] да го повика адвокатот Г.М. како сведок било нерелевантно, бидејќи документите од досието на случајот не откриваат дека имало некакво извлекување на признание од страна на полицијата, туку само [евидентирано е] времето кога адвокатот [М.]Р. пристигнал [во полициската станица], кога распитот на [Иван Дворски] во присуство на адвокатот за кој тој потпишал полномошно започнал ... Никој, вклучително ни адвокатот [на Иван Дворски], кој бил присутен за време на распитот од страна на полицијата – [М.]Р. – не тврдел дека имало некакво незаконско извлекување на признание и немало индикации во однос на ова во записникот од изјавата дадена од Иван Дворски, [кој] во тоа време [бил] само осомничен.“
52. Жалителот поднел жалба против првостепената пресуда до Врховниот суд (Vrhovni sud Republike Hrvatske) на 6 ноември 2008 година. Тој се жалел меѓу другото дека неговото осудување се засновало на неговото признание во полицијата, кое не било дадено во присуство на адвокат по негов избор, имено Г.М., туку во присуство на адвокатот М.Р., кој му бил понуден од полицијата. Жалителот исто така упатил на барањето за отстранување на риечкиот жупански јавен обвинител и сите негови заменици поднесено од Г.М. на 16 март 2007 година, нагласувајќи го делот од тоа барање во кое се велело дека не му била дадена храна додека бил во полициски притвор. Во релевантниот дел од жалбата на жалителот се вели:
„Изјавата дадена од страна на првообвинетиот на полицијата била незаконски земена заради следниве причини. Кога првообвинетиот бил донесен во риечката Трета полициска станица неговите права на одбрана биле сериозно прекршени. Меѓутоа за време на судењето ова прекршување беше игнорирано. На 14 март 2007 година, мајката на првообвинетиот, а потоа и неговиот сега починат татко го ангажирале Г.М. за негов адвокат во полицијата откако тој бил уапсен. Меѓутоа на Г.М. не му бил даден пристап до обвинетиот и последователно ги известил релевантните власти за ова но тие го игнорирале тоа. Затоа Г.М. покренал постапка во Општинскиот суд на Риека за незаконско дело, како и барање за отстранување на риечкиот жупански јавен обвинител и сите негови заменици. Во тоа барање тој тврдел дека на првообвинетиот не му било дадено да јаде од страна на полицијата од 13 март 2007 година во 13.00 часот, кога бил донесен во риечката Трета полициска станица па сè додека не се согласил да биде застапуван од адвокатот М.Р. на 14 март во 19.00 часот за да даде само-инкриминирачка изјава, што претставувало повреда на членот 225 § 8 од Законот за кривична постапка. Заради тоа одбраната побарала адвокатот Г.М. да биде испитан [на судењето] бидејќи знаел за распитот на првообвинетиот во полицијата.“
53. На 8 април 2009 година Врховниот суд ја отфрлил жалбата на жалителот како неоснована. Што се однесува до неговите жалби во однос на неговата изјава пред полицијата судот забележал:
“... Законитоста на [изјавата дадена пред полицијата] не била сметана за сомнителна заради жалбата на жалителот дека М.Р. не му бил адвокат и дека неговиот адвокат бил Г.М., кој бил ангажиран од неговите татко и мајка истиот ден, или заради жалбата на жалителот дека не му била дадена храна меѓу 13.00 часот на 13 март 2007 година и 19.00 на 14 март 2007 година додека не се согласил да го ангажира М.Р. како негов адвокат, бидејќи согласно записникот од неговото апсење (страници ....), жалителот бил уапсен во 9.50 часот наутро на 14 март 2007 година, а адвокатот М.Р. пристигнал [во полициската станица] во 18.45 часот истиот ден.“
54. Жалителот поднел дополнителна жалба против пресудата на судот до Врховниот суд на 14 септември 2009 година, повторувајќи ги претходните аргументи. Во релевантниот дел од жалбата на жалителот се вели:
„Коментарот на првообвинетиот по заклучоците од апелациониот суд дека тврдењата дека не му било дадено ништо да јаде од 13.00 часот на 13 март 2007 година додека не се согласил да биде застапуван од адвокатот М.Р. на 14 март 2007 година не давал никаква основа во однос на законитоста на доказите [записникот од распитот] бидејќи писмениот записник од неговото апсење покажал дека тој бил уапсен на 14 март 2007 година во 9.50 часот наутро, а адвокатот М.Р. пристигнал истиот ден во 18.45 часот. Записникот за присуство Ф/949, кој бил во досието од случајот, покажува дека првообвинетиот бил донесен во полициската станица на 13 март 2007 година во 14.00 часот и бил задржан. Тој бил уапсен следниот ден како што било утврдено од основниот суд. Меѓутоа, не е точно дека адвокатот М.Р. дошол во полициската станица во 18.45 часот: тој дошол во 19.45 часот, што покажува дека тврдењата на првообвинетиот биле точни. Факт што можел да биде потврден со сведочење на адвокатот Г.М., кој го застапувал првообвинетиот за време на истрагата ...“
55. На 17 декември 2009 година Врховниот суд, кој бил суд од последна инстанца, ја отфрлил жалбата на жалителот како неоснована. Тој суд посочил дека записникот од изјавата на жалителот сугерирала дека тој го избрал М.Р. да го застапува за време на полицискиот распит и дека М.Р. му дал адекватен правен совет. Врховниот суд исто така забележал дела немало ништо во досието на случајот што укажувало дека жалителот бил малтретиран или присилен да признае. Релевантниот дел од пресудата го вели следново:
„Жалителот погрешно тврди дека основниот суд сериозно ја прекршил кривичната процедура, спротивно на членот 367 § 2 од Законот за кривична постапка, со тоа што својата осудителна пресуда ја засновал на одбраната што тој ја дал во полицијата во присуство на бранителот, што [според жалителот] претставувало незаконско добивање на докази согласно членот 9 § 2 од Законот за кривична постапка и дека записникот од неговиот распит како осомничен од страна на полицијата (во присуство на бранителот) оттука требало да се исклучи од досието на случајот. При тоа жалителот го оспорува образложението на второстепената пресуда во смисла дека законитоста на доказите не била оспорена од аргументите изнесени од жалителот дека за време на неговото фаќање и апсење не му било дадено да јаде додека не се согласил да биде застапуван од М.Р. Овие аргументи на жалителот биле отфрлени од второстепениот суд врз основа на сите формално утврдени информации содржани во записникот од [неговиот] распит во присуство на адвокат на 14 март 2007 година.
Овој третостепен суд забележува дека [жалбата] во врска со прашањето за присуството на адвокат [за време на распитот], како законски услов за законитоста на доказите што се добиени на овој начин во текот на полициската истрага, се однесува на два приговори. Првиот приговор се однесувал на ограничувањето на пристап до адвокат по сопствен избор [на обвинетиот], а вториот приговор се однесува на притисокот извршен врз осомничениот преку тоа што не му било дадено да јаде (член 225 § 8 од Законот за кривична постапка), што, според жалбата, го присилило на крај да прифати да биде застапуван од адвокатот што му бил наметнат, иако неговите родители веќе го ангажирале адвокатот Г.М. утрото на 14 март 2007 година.
Треба да се забележи дека за време на кривичната истрага на полицијата, низа лица со историја на користење на дрога, и поврзани со жртвата Ѓ.В., биле уапсени, особено од населбата Горња Вежица, и во текот на оваа акција обвинетиот Иван Дворски бил уапсен. Дури откако била утврдена веројатна причина дека обвинетиот можеби бил извршителот на кривичните дела во прашање тој бил уапсен на 14 март 2007 година во 9.50 часот наутро.
Во исто време таткото на обвинетиот, кој бил во Хрватска додека мајката на обвинетиот била во Италија, бил информиран [за апсењето] од страна на полицијата во 12.10 часот, што покажува дека од тој момент таткото на обвинетиот (после телефонскиот разговор со мајката) можел да ангажира адвокат за обвинетиот, за што секако ќе му требало одредено време. Во такви околности, овој третостепен суд одлучи дека родителите на обвинетиот не можеле веќе да имаат потпишано полномошно за адвокатот по избор на обвинетиот до 13.30 часот на денот во прашање.
Другите информации од записникот од апсењето на обвинетиот и од записникот од неговиот распит од страна на полицијата покажува дека на 14 март 2007 година, како што е назначено во записникот од апсењето, обвинетиот бил донесен во риечката Трета полициска станица, и како што може да се види од записникот од распитот на Иван Дворски од страна на полицијата, адвокатот на одбраната М.Р. бил информиран во 18.15 часот и тој дошол во полициската станица во 19.45 часот. Самиот распит започнал околу 20.10 часот и завршил во 23.00 часот, со пауза меѓу 22.35 и 22.38 часот.
Треба да се нагласи дека во воведниот дел од записникот [од неговиот распит] осомничениот Иван Дворски изречно кажал дека тој го избрал М.Р. за негов бранител и го потпишал полномошно во негова корист, и записникот од распитот покажува дека адвокатот се консултирал со осомничениот речиси половина час пред да биде испрашан, во кое време тој можел да го поучи за неговите права.
Оттука, релевантниот факт кој следи од формалното процедурално дејство опишано во записникот од распитот на осомничениот е дека избраниот адвокат дошол барем половина час пред да започне распитот и во консултациите со [осомничениот] пред распитот тој можел да му даде на [осомничениот] вистински правен совет како негов избран адвокат.
Исто така треба да се забележи дека суштината на правото на осомничениот адвокат да биде присутен во текот на неговиот распит од страна на полицијата се содржи во неопходната правна заштита на неговите права, поради што почетокот, водењето и крајот на оваа формална [процедурална] активност е во целост регистрирана во записникот [од распитот].
Ова е причината зошто сите спротивни аргументи, како што е дадено во жалбата против второстепената пресуда, и особено оние во врска со потребата да се испраша адвокатот Г.М. како вториот адвокат по избор [на осомничениот], не се поткрепени во формалниот записник од распитот на осомничениот од 14 март 2007 година, бидејќи записникот содржи формално заведена информација за контактот со избраниот адвокат, времето кога избраниот адвокат дошол во риечката Трета полициска станица, времето кога започнал распитот на осомничениот, периодот во кој имало кратка пауза, и времето кога процедуралната активност сопрела, а сето тоа било потврдено од осомничениот и адвокатот на одбраната по негов избор со потпишување на записникот без никакви приговори во однос на неговата содржина.
Меѓутоа, без разлика на фактот дека одбраната на обвинетиот во контекст на полицискиот распит формално ги задоволила условите од членот 177 § 5 од Законот за кривична постапка, општата насока на одбраната, како и суштината на одбраната што се однесува до одредени дејствија, и признанието, биле дадени доброволно од страна на осомничениот, и адвокатот што тој го избрал дефинитивно не бил во можност да влијаат на ова, што во исто време ја исклучува можноста од каков било ментален притисок врз осомничениот, како и неговите последователни аргументи за адвокатот дека му бил наметнат во текот на полициската истрага. Напротив, правата на осомничениот поврзани за одбрана биле во целост обезбедени согласно Уставот и Законот за кривична постапка.
Оттука немало повреда на членот 367 § 2 во врска со членот 9 § 2 од Законот за кривична постапка. Одбивањето на барањето за исклучување на записникот од распитот на осомничениот од страна на полицијата во присуство на адвокат што тој го избрал од досието на случајот како незаконски добиен доказ не претставува повреда на неговите права на одбрана, бидејќи записникот од распитот на осомничениот од страна на полицијата јасно и несомнени покажува дека адвокатот кој бил присутен [за време на распитот] бил адвокат по слободен избор на жалителот, и ова исто така произлегува од потпишаното полномошно во корист на адвокатот во прашање, кој ги штител правата на осомничениот во текот на распитот. Соодветно на тоа, одбивањето на барањето на одбраната не влијаело на законитоста и точноста на пресудата. Во исто време, не било неопходно да се испраша новоизбраниот адвокат како сведок и заради причините што се дадени горе, фактите од случајот не биле недоволно или погрешно утврдени, како што се тврдело во жалбата на обвинетиот против второстепената пресуда.“
56. Жалителот поднел уставна претставка до Уставниот суд (Ustavni sud Republike Hrvatske) на 11 март 2010 година. Тој меѓу другото се жалел дека со него било лошо постапувано додека бил во полициски притвор и дека бил присилен да признае. Тој исто така се жалел дека не му била дадена можност одбраната да ја даде адвокат по негов избор. Тој ги повторил своите аргументи од претходните жалби и додал:
„Исто така е важно да се нагласи дека на седницата на Врховниот суд како третостепен суд, одржана на 17 декември 2009 година, одбраната посочила дека жалителот бил донесен во полициската станица во 14.00 часот на 13 март 2007 година, и дека фактот бил прикажан во Записникот за присуство Ф/949, кој се наоѓал во досието на случајот. Одбраната побарала панелот [на Врховниот суд] да го погледне тој записник. Меѓутоа, после кратко разгледување на досието било утврдено дека документот во прашање не бил таму, и дека ќе бил побаран подоцна. Меѓутоа, пресудата на Врховниот суд, кој бил третостепен суд, покажува дека документот [сè уште] не бил пронајден ...“
57. На 16 септември 2010 година Уставниот суд ја отфрлил уставната претставка на жалителот. Уставниот суд, кој го прифатил образложението на Врховниот суд, забележал дека постапките како целина биле правични и дека немало докази во досието на случајот дека со жалителот било лошо постапувано додека бил во полициски притвор.
II. РЕЛЕВАНТНОТО ПРАВО
А. Домашното право
58. Во релевантните одредби од Уставот на Република Хрватска (Ustav Republike Hrvatske, Службен весник бр. 56/1990, 135/1997, 113/2000, 28/2001, 76/2010) се вели следново:
Член 23
„Никој не може да биде подложен на никаква форма на малтретирање ...“
Член 29
„При утврдување на неговите права и обврски или некакво кривично обвинение против него, секој има право на правично судење, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд.
Во случај на сомнеж за кривично дело или [дека е покренато] кривично обвинение осомничениот, обвинетиот или оптужениот ќе има право:
...
- да се брани сам или со помош од бранител по сопствен избор и ако нема доволно средства да плати за бранител има право на бесплатен бранител согласно условите пропишани со закон,
...”
59. Релевантните одредби од Кривичниот законик (Kazneni zakon, Службен весник бр. 110/1997, 27/1998, 129/2000, 51/2001, 105/2004, 84/2005, 71/2006) предвидуваат:
ТЕШКО УБИСТВО
Член 91
„Казна затвор не пократка од десет години или долга казна затвор ќе му се изрече на секој кој:
...
6. ќе убие друг за да изврши или прикрие друго кривично дело,
...”
КРАЖБА
Член 218
„(1) Секој што со примена на сила против лице или со закани за директен напад врз животот или физичкиот интегритет на лицето, ќе одземе подвижен имот од друг со намера незаконски да го присвои ќе се казни со казна затвор од една до десет години.
(2) Доколку сторителот изврши кражба како дел од група или криминална организација, или ако за време на грабеж, се употреби оружје или опасен инструмент сторителот ќе биде казнет со казна затвор од три до петнаесет години.“
ЗАКАНА ПО ЖИВОТОТ ИЛИ ИМОТОТ СО ОПАСНИ ДЕЈСТВИЈА ИЛИ СРЕДСТВА
Член 263
„(1) Секој кој се заканува по животот или физичкиот интегритет на други или имот од значителна вредност со [подметнување на] пожар ... ќе биде казнет со казна затвор од шест месеци до пет години.
...
(3) Доколку кривичните дела на кои се упатува во ставовите 1 и 2 од овој член се извршени на место каде се собрани повеќе луѓе ... сторителот ќе биде казнет со казна затвор од една до осум години.
...”
ТЕШКИ КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ ЈАВНАТА БЕЗБЕДНОСТ
Член 271
„(1) Доколку како резултат на кривичното дело на кое се упатува во членот 263, став 1 ..., од овој Законик, се предизвика тешка телесна повреда врз друг или значителна материјална штета, сторителот ќе се казни со казна затвор од една до осум години.“
60. Релевантните одредби од Законот за кривична постапка (Zakon o kaznenom postupku, Службен весник бр. 110/1997, 27/1998, 58/1999, 112/1999, 58/2002, 143/2002 и 62/2003) го уредуваат следново:
Член 62
„(1) Обвинетиот може да биде застапуван од адвокат во секоја фаза од постапките, како и пред нивното започнување кога тоа е пропишано со овој Закон. ...
(4) Законски старател на обвинетиот, негов сопруг/а или невенчан партнер, роднина по крв, родител посвоител или усвоено дете, брат/сестра или родител од згрижувачко семејство можат да ангажираат адвокат за обвинетиот освен ако обвинетиот изречно не го одбие тоа.
...
(6) Бранителот мора да го покаже своето полномошно на властите што ја водат постапката. Обвинетиот исто така може да му даде полномошно на адвокат усно пред органот што ја води постапката во кој случај ова мора да биде внесено во записникот.“
Член 177
“ ...
(5) Во текот на истрагата полициските власти ќе го информираат осомничениот согласно членот 225, став 2 од овој Закон. На барање на осомничениот, полициските власти ќе му дозволат да ангажира адвокат и за таа цел тие ќе престанат да го интервјуираат осомничениот додека не дојде адвокатот или најдоцна три часа од моментот кога осомничениот побарал да му се назначи адвокат. ... Доколку околностите упатат дека избраниот адвокат нема да може да се појави во овој период, полициските власти ќе дозволат осомничениот да назначи адвокат од листата на адвокати на должност доставена до надлежниот полициски орган од страна на жупанскиот огранок на Хрватската адвокатска комора ... Доколку осомничениот не ангажира адвокат или ако адвокатот што го побарал не се појави во дадениот рок, полициските власти можат да продолжат да го интервјуираат осомничениот ... Обвинителот има право да биде присутен за време на распитот. Записникот од [секаква] изјава дадена на полициските власти во присуство на адвокат може да се користи како доказ во кривични постапки.
...”
Член 225
“...
(2) Обвинетиот ќе биде информиран за промените и основите на сомнежот против него, како и неговото право да не каже ништо.
...”
61. Законот за кривична постапка, согласно измените од 2011 година во кој се предвидува следното:
Член 502
“...
(2) Одредбите во врска со отворањето на кривичните постапки ќе се применуваат во случајот на барање за ревизија на секоја правосилна судска одлука на сметка на правосилната пресуда на Европскиот суд за човековите права со која била утврдена повреда на правата и слободите согласно Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.
(3) Барање за повторно отворање на постапки на сметка на правосилната пресуда на Европскиот суд за човекови права може да биде поднесена во рок од триесет дена почнувајќи од датумот на кој пресудата на Европскиот суд за човекови права станува правосилна.“
Член 574
“...
(2) Доколку пред стапувањето на сила на овој Закон била усвоена одлука за која е достапен правен лек согласно одредбите од законодавството што е релевантно за постапките [во рамките на кои одлуката била усвоена], ... одредбите од таа законска регулатива ќе важат [за постапките во врска со правниот лек], освен ако не е уредено поинаку согласно овој закон.
(3) Членовите 497-508 од овој Закон соодветно на тоа ќе важат за барањата за повторно отпочнување на кривични постапки согласно Законот за кривична постапка (Службен весник бр. 110/1997, 27/1998, 58/1999, 112/1999, 58/2002, 143/2002, 62/2003, и 115/2006).“
Б. Материјали од релевантно меѓународно право
Право на пристап до адвокат по сопствен избор за време на полицискиот притвор
(а) Совет на Европа
(i) Правила усвоени од Комитетот на министри
62. Правилото 93 од Стандардните минимум правила за постапување со затвореници (Резолуцијата (73)5 на Комитетот на министри на Советот на Европа) предвидува:
„Затвореник на кој не му било судено има право, веднаш штом ќе биде затворен да си избере правен застапник ... и да има посети од неговиот адвокат во врска со неговата одбрана и да подготви и да му даде и прими доверливи упатства. На негово барање тој ќе ги добие сите неопходни средства за таа цел. ... Консултациите меѓу затвореникот и неговиот адвокат може да ги гледа, но не и да ги слуша било директно или индиректно, полициски или институционален службеник.“
63. Исто така, во Препораката Rec (2006)2 на Комитетот на министри за земјите-членки на Советот на Европа за Европските затворски правила, усвоени на 11 јануари 2006 на 952-риот состанок на замениците министри, се вели следново во релевантниот дел:
„Правна поука
23.1 Сите затвореници имаат право на правна поука и затворските власти ќе им обезбедат разумни можности за добивање пристап до таква поука.
23.2 Затворениците можат да се консултираат за секакво правно прашање со адвокатот по нивен избор и на нивен трошок.
...
23.5 Судскиот орган може во вонредни околности да одобри ограничување на таквата доверливост заради спречување на сериозно кривично дело или огромни повреди на безбедноста и сигурноста во затворите.“
(ii) Извештај до хрватската Влада за посетата на Хрватска на Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечно или понижувачко постапување или казна (КСТ) од 4 до 14 мај 2007 година
64. Релевантниот дел од извештајот го вели следново:
„18. Мнозинството лица интервјуирани од делегацијата за време на посетата во 2007 година посочиле дека тие биле информирани за нивното право на пристап до адвокат наскоро после апсењето. Меѓутоа, како и за време на претходните посети, се чини дека на многу лица задржани од полицијата им било дозволено да го остварат ова право дури после некое време по апсењето, особено откако од нив ќе била добиена изјава во врска со конкретното кривично дело.
Фактот дека на лицата повикани да се јават во полициска станица на ‘информативни разговори’ сè уште не им било дозволено да имаат пристап до адвокат претставува друго прашање кое континуирано го загрижува Комитетот. Полициските службеници интервјуирани од делегацијата изјавиле дека во контекст на таквите ‘преговори’, пристап до адвокат можел да биде даден кога едно лице било формално прогласено за осомничен.
Во контекст на горенаведеното, КСТ повторно апелира до хрватските власти да преземат ефективни чекори без одлагање за да се обезбеди остварување на правото за пристап до адвокат (вклучително и правото адвокат да биде присутен за време на полицискиот распит) го уживаат сите лица задржани од полицијата, од самиот почеток на нивното лишување од слобода. Ова право треба да се примени не само за осомничени за кривични дела, туку исто така за секој кој има законска обврска да присуствува – и да остане во – полициска установа. Доколку е потребно, законот треба да се измени. Природно, фактот дека едно задржано лице изјавило дека тоа дека тој сакал да има пристап до адвокат не би требало да ја спречи полицијата да го испрашуваат/интервјуираат за итни прашања пред да пристигне адвокатот. Одредба исто така би можела да се направи за замена на адвокат кој го попречува соодветното водење на распитот, но да се знае дека таквата можност би требало да е строго ограничена и да подложи на соодветни заштити.
19. КСТ е загрижен дека за време на посетата во 2007 година, хрватскиот систем за правна помош се чини дека ги покажал истите недостатоци како и во 2003 година. Во многу примери, адвокати по службена должност немале никаков контакт со задржаното лице до првото појавување пред суд. Дополнително, во некои случаи, задржаните лица изразиле скептицизам за независноста на адвокатите по службена должност од полицијата. КСТ ја повторува својата препорака дека системот за бесплатна правна помош за задржаните лица треба да се разгледа со цел да се обезбеди негова ефективност од самиот почеток на полицискиот притвор. Посебно внимание треба да му се посвети на прашањето на независноста на адвокатите по службена должност од полицијата.“
(iii) Извештај за хрватската Влада од посетата на Хрватска на КСТ од 19 до 27 септември 2012 година
65. Релевантниот дел од извештајот го вели следново:
„19. Делегацијата на КСТ исто така доби некои тврдења дека задржаните лица немале пристап до адвокат именуван од нивна страна бидејќи полициските службеници сметале дека нивна единствена обврска била да стапат во контакт со адвокатите што се доделувале по службена должност од стандардната листа наместо да стапат со некој конкретен адвокат директно.
КСТ препорачува полициските службеници да бидат потсетени дека лицата лишени од слобода од полицијата имаат право на пристап до адвокат по сопствен избор; доколку задржаното лице бара пристап до конкретен адвокат, тогаш тој контакт треба да биде олеснет; адвокатот по службена должност од стандардната листа треба да биде контактиран само ако со прво споменатиот адвокат не може да се стапи во контакт или не се појавил.“
(б) Обединетите нации
Меѓународниот пакт за граѓански и политички права
66. Членот 14 § 3 (б) од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (МПГПП) уредува дека секој што е обвинет за кривично дело има право „на соодветно време и услови за подготовка на неговата одбрана и да комуницира со адвокат по негов сопствен избор“.
ПРАВОТО
I. НАВОДНИ ПОВРЕДИ НА ЧЛЕНОТ 6 §§ 1 И 3 (в) ОД КОНВЕНЦИЈАТА
67. Жалителот се жалеше дека тој немал правично судење бидејќи не му било дозволено да биде застапуван од адвокатот Г.М. за време на полицискиот распит. Тој се повика на членот 6 §§ 1 и 3 (в) од Конвенцијата којшто во релевантниот дел го вели следново:
„1. При утврдувањето на ... некакво кривично обвинение против него, секој има право на правичен ... претрес ... од [а]... суд...
3. Секој обвинет за кривично дело ги има следните минимални права:
...
(в) да се брани самиот или со помош на бранител по сопствен избор, или доколку не располага со средства да плати бранител, да го добие бесплатно кога тоа го наложуваат интересите на правдата;
...”
А. Заклучоци на Судскиот совет
68. Судскиот совет ја концентрираше својата оценка на прашањето на правото на жалителот да добие адвокат по сопствен избор и дали како резултат на тоа дека немал таква можност бил доведен ситуација да се инкриминира себеси без да искористи делотворен правен совет. Тој заклучил дека со оглед дека жалителот никогаш не се жалел на квалитетот на услугата што му ја дал адвокатот М.Р., дека првостепениот суд се осврнал на жалбата на жалителот за неговото застапување во текот на распитот во полицијата; признанието на жалителот не било во центарот на случајот на обвинителството; и немало докази дека некаков притисок бил извршен на жалителот да признае. Со оглед на правичноста на постапките како целина, Судскиот совет одлучил дека не биле неповратно наштетени правата на одбрана на жалителот, ниту пак било повредено неговото право на правично судење согласно членот 6 од Конвенцијата. Судскиот совет оттука одлучи дека немало повреда на членот 6 од Конвенцијата.
Б. Изјаснување на странките пред Големиот судски совет
1. Жалителот
69. Жалителот тврдеше дека кога бил испрашуван од полицијата тој сакал да биде застапуван од адвокатот Г.М., бидејќи Г.М. му бил адвокат во друг случај и жалителот му верувал. Понатаму, неговите родители го ангажирале Г.М. да го застапува. Меѓутоа, Г.М. бил спречен од полицијата да го види.
70. Полицијата не му дала листа со адвокати од која можел да го избере својот бранител. Друг адвокат, М.Р. бил повикан од полицијата и му биле дадени само дваесет и пет минути да поразговара со жалителот, што со оглед на сложеноста и сериозноста на обвиненијата против него јасно било дека не било доволно. М.Р. барал од полицијата да започне со распитот колку што можело поскоро, со оглед дека било доцна.
2. Владата
71. Владата тврдела дека жалителот веќе бил свесен околу 14.00 часот на 13 март 2007 година дека полицијата сакала да го испраша во врска со три убиства, кражба и подметнување на пожар, но тој сепак не се обидел да стапи во контакт со адвокатот Г.М. пред распитот.
72. Кога бил уапсен од полицијата во 9.50 часот наутро на 14 март 2007 година жалителот најпрво се откажал од своето право на адвокат. Околу осум часа подоцна тој се премислил и побарал адвокат. Полицијата потоа му ја дала листата на адвокати-кривичари на Приморско-горанскиот жупанија од која го избрал М.Р. по сопствена волја. По пристигнувањето на М.Р., тој потпишал полномошно без да биде присилен на тоа од полицијата. Затоа, М.Р. бил адвокат на жалителот по негов сопствен избор. Владата нагласи дека тие биле фактите и дека сите други тврдења на жалителот, имено оние во врска со адвокатот Г.М. биле чиста шпекулација.
73. Владата понатаму се изјасни дека немало докази дека Г.М. имал полномошно на 14 март 2007 година потпишано од двата родители на жалителот. Дури и ако Г.М. бил адвокат назначен од некој од родителите на жалителот, тој не бил адвокат по сопствен избор на жалителот бидејќи жалителот го избрал М.Р. да го застапува.
74. Жалителот бил испрашуван од полицијата повеќе пати во претходни прилики (тој бил уапсен дваесет и два пати во минатото), и затоа бил запознаен со ситуацијата во која се нашол. Во секоја од тие прилики тој бил застапуван од различен адвокат. Доколку сакал Г.М. да го застапува тој тоа ќе ѝ го кажел на полицијата. Меѓутоа тој не го сторил тоа.
75. Жалителот никогаш не се жалел на домашните судови за квалитетот на услугата дадена од адвокатот М.Р. Владата тврдела дека домашните судови дале адекватно образложение како одговор на жалбата на жалителот дека не бил застапуван од адвокат по сопствен избор за време на распитот во полициската станица. Фактот дека жалителот бил избран да ги признае обвиненијата против него не било невообичаено со оглед дека жалителот претходно признал дека извршил кривични дела за кои бил обвинет во други кривични постапки, вклучително и во една прилика во присуство на адвокатот Г.М.
В. Проценка на Големиот судски совет
1. Општи принципи
76. Судот повторува дека дури и ако примарната цел на членот 5 од Конвенцијата, што се однесува до кривичните постапки, е да се обезбеди правично судење од „суд“ надлежен да го утврди „секое кривично обвинение“, не следи дека членот нема примена во претпретресните постапки. Оттука, членот 6 – особено ставот 3 таму – може да биде релевантен пред еден случај да биде испратен на судење доколку, и во однос на правичноста на судењето, е веројатно да му биде сериозно наштетено од првично непридржување на неговите одредби. Судот веќе одлучил во своите претходни пресуди, правото утврдено во членот 6 § 3 (в) од Конвенцијата е еден елемент меѓу другите на концептот на правично судење во кривични постапки содржан во членот 6 § 1 (види Imbrioscia v. Switzerland, 24 November 1993, §§ 36 and 37, Series A no. 275, и Salduz v. Turkey [GC], no. 36391/02, § 50, ECHR 2008).
77. Судот одлучил дека со цел да го оствари своето право на одбрана, на обвинетиот нормално треба да му се дозволи да има делотворна корист од помош од адвокат уште во почетните фази од постапките бидејќи националните закони можат да предизвикаат последици во односот кон обвинетиот во почетните фази од испитувањето на полицијата кои се од одлучувачка природа за одбраната во сите последователни кривични постапки (види Салдуз, цитиран горе, § 52). Судот исто така призна дека обвинетиот често се наоѓа во особено ранлива позиција во таа фаза од постапките, и во повеќето случаи ова само може соодветно да биде надоместено со помош од адвокат, чија задача е, меѓу другите работи да помогне да се обезбеди почитување на правото на обвинетиот да не се инкриминира самиот себе (исто., § 54; види исто така Pavlenko v. Russia, no. 42371/02, § 101, 1 April 2010).
78. Во такви околности Судот смета дека е важно од почетните фази од постапките едно лице што е обвинето за кривично дело, а кое не сака да се брани само, задолжително да има можност да добие правна помош по сопствен избор (за подетално образложение види Martin v. Estonia, no. 35985/09, §§ 90 and 93, 30 May 2013). Ова следи од самата формулација на членот 6 § 3 (в), кој гарантира дека „[с]екој обвинет за кривично дело ги има следните минимални права: ... да се брани самиот ... со помош на бранител по свој избор ...“, и генерално ова е признато во меѓународните стандарди за човекови права како механизам за обезбедување на делотворна одбрана на обвинетиот. Судот нагласува дека правичноста на постапките бара обвинетиот да може да се стекне со цел спектар на услуги конкретно поврзани со правна помош (види Dayanan v. Turkey, no. 7377/03, § 32, 13 October 2009, и параграф 110 долу).
79. Без разлика на важноста на односот на доверба меѓу адвокатот и неговиот клиент ова право не е апсолутно. Неопходно тоа подложи на одредени ограничувања кога се работи за бесплатната правна помош, како и кога судот треба да одлучи дали интересите на правдата бараат обвинетиот да биде бранет од адвокат назначен од нив (види Croissant v. Germany, 25 September 1992, § 29, Series A no. 237-B). Судот постојано одлучува дека националните власти мора да ги земат во предвид желбите на обвинетиот во однос на изборот на сопственото правно застапување, но може да ги надмине тие желби кога постојат релевантни и доволни основи за да се одлучи дека ова е неопходно во интерес на правдата (исто., § 29; види исто така Meftah and Others v. France [GC], nos. 32911/96, 35237/97 and 34595/97, § 45, ECHR 2002‑VII; Mayzit v. Russia, no. 63378/00, § 66, 20 January 2005; Klimentyev v. Russia, no. 46503/99, § 116, 16 November 2006; Vitan v. Romania, no. 42084/02, § 59, 25 March 2008; Павленко, цитиран горе, § 98; Zagorodniy v. Ukraine, no. 27004/06, § 52, 24 November 2011; и Мартин, цитиран горе, § 90). Кога нема такви основи, ограничувањето на слободен избор на бранител би вклучувало повреда на членот 6 § 1 заедно со став 3 (в) доколку негативно влијае на одбраната на жалителот, земајќи ја постапката во целина (исто., § 31; види исто така Мефтан и други, цитиран горе, §§ 46-47; Витан, цитиран горе, §§ 58-64; Загородниј, цитиран горе, §§ 53-55; и Мартин, цитиран горе, §§ 90-97).
80. Исто така со оглед на гореспоменатите размислувања, како што потврдил Судот во својата пресуда во случајот Салдуз, за правото на правично судење да остане „практично и делотворно“, членот 6 § 1 бара, по правило, пристапот до адвокат да биде обезбеден уште од првото сослушување на осомничениот од страна на полицијата, освен ако не се покаже во контекст на специфичните околности на секој случај поединечно дека постоеле причини поради кои морал да се ограничи тоа право. Дури и кога таквите причини можеби исклучително го оправдувале одбивањето на пристап до адвокат, таквото ограничување – какво и да било оправдувањето не смее непотребно да им наштети на правата на обвинетиот согласно членот 6. На правата на одбрана во принцип ќе им биде неповратно наштетено кога инкриминирачките изјави дадени за време на полицискиот распит без пристап до адвокат се користат за негово осудување (види Салдуз, цитиран горе, § 55-57 и исто така види Panovits v. Cyprus, no. 4268/04, § 66, 11 December 2008).
81. За разлика од случајот Салдуз, кога на обвинетиот, кој бил држен во притвор, не му бил дозволен пристап до адвокат за време на распитот во полицијата, актуелниот случај се занимава со ситуација во која на жалителот му бил даден пристап до адвокат од неговото прво сослушување, но не – според неговата жалба – адвокат по негов избор. Наспроти случаите кои вклучувале одбивање на пристап, поблагиот услов за „релевантни и доволни“ причини бил применет во ситуации кои го покренувале помалку сериозното прашање на „лишување од избор“. Во такви случаи задачата на Судот ќе биде да оцени дали, во контекст на постапките како целина, правото на одбрана било „негативно погодено“ во таква мерка што била поткопана неговата севкупна правичност (види, на пример, Кроасан, цитиран горе, § 31; Климентјев, цитиран горе, §§ 117-118; и Мартин, цитиран горе, §§ 96-97).
82. Вториот тест е тој што треба да се примени во актуелниот случај. Во горенаведениот контекст, Судот смета дека првиот чекор би требало да биде да се процени дали било покажано во контекст на специфичните околности на секој случај дека имало релевантни и доволни основи за надминување или ограничувања на желбата на обвинетиот за сопствен избор на бранител. Кога не постојат такви причини, Судот треба да продолжи со проценка на севкупната правичност на кривичната постапка. При правење на својата оценка, Судот може да земе во предвид низа различни фактори, вклучително и природата на постапките и примената на одредени професионални барања (види Мефтан и други, цитиран горе, §§ 45-48, и Мартин, цитиран горе, § 90); околностите при назначувањето на адвокат и постоењето на можности за да се оспори ова (исто., §§ 90-97); ефективноста на помошта на адвокатот (види Кроасан, цитиран горе § 31, и Витан, цитиран горе §§ 58-64); дали привилегијата на обвинетиот да не се инкриминира самиот себе била почитувана (види Мартин, цитиран горе, § 90); возраста на обвинетиот (исто., § 92); и употребата некакви изјави дадени од обвинетиот во материјалното време од страна на основниот суд (види, на пример, Кроасан, цитиран горе, § 31; Климентјев, цитиран горе, §§ 117-118; и Мартин, цитиран горе, §§ 94-95). Понатаму е свесен дека Конвенцијата има за цел да ги гарантира правата кои се практични и делотворни, а не теоретски илузорни (види, меѓу другите извори, Airey v. Ireland, 9 October 1979, § 24, Series A no. 32; Имбриоша, цитиран горе, § 38; Goddi v. Italy, 9 April 1984, § 30, Series A no. 76; и Салдуз, цитиран горе, § 55) и дека при утврдувањето на правата од Конвенцијата мора честопати да се гледа подалеку од надворешниот изглед и да се концентрираме на реалноста на ситуацијата (види, inter alia, Delcourt v. Belgium, 17 January 1970, § 31, Series A no. 11; De Jong, Baljet and Van den Brink v. the Netherlands, 22 May 1984, § 48, Series A no. 77; Павленко, цитиран горе, § 112; и Erkapić v. Croatia, no. 51198/08, §§ 80-82, 25 April 2013). Во случаи кога обвинетиот немал никакво правно застапување, Судот исто така ја зел во предвид и можноста што му била дадена на обвинетиот да ја оспори автентичноста на доказите и да го спречи нивното користење (види Пановиц, цитиран горе, § 82), дали обвинетиот е во притвор (Салдуз, цитиран горе, § 60); дали таквите изјави претставувале важен елемент на кој се базирало осудувањето и силата на другите докази во случајот (Салдуз, цитиран горе, § 57; и Пановиц, цитиран горе, §§ 76 и 82).
2. Примена на овие принципи во актуелниот случај
(а) Дали жалителот бил застапуван од адвокат избран врз основа на негов сопствен информиран избор?
83. На 14 март 2007 година меѓу 20.10 и 23.00 часот жалителот бил испрашан како осомничен од полицијата во присуство на адвокат М.Р. (види параграфи 20 и 21 горе). Изјавата на жалителот пред полицијата била искористена како доказ во кривичните постапки против него (види, наспроти тоа, Bandaletov v. Ukraine, no. 23180/06, §§ 60 and 68, 31 October 2013).
84. Според Владата, единствениот сигурен факт во врска со застапувањето на жалителот за време на полицискиот распит било дека тој избрал по сопствена слободна волја да биде застапуван од М.Р.; секакви тврдења во врска со желбата на жалителот да биде застапуван од друг адвокат, Г.М., биле чиста шпекулација (види параграфи 68-70 горе).
85. Тврдењата на жалителот за присилување биле прогласени за недопуштени од Судскиот совет (види пресуда на Судскиот совет од 28 ноември 2013, § 73). Судот исто така го забележува наодот на националните судови со помош на вештакот за ракопис дека жалителот навистина го потпишал полномошното во корист на адвокатот М.Р. (види параграф 39 горе).
86. Меѓутоа, Судот забележува дека веќе утрото на 14 март 2007 година адвокатот Г.М. ги информирал риечките заменици жупански јавни обвинители, Д.К. и И.Б., за неговиот неуспешен обид да стапи во контакт со жалителот кој бил во риечката полициска станица. Била направена службена белешка во врска со ова, а Жупанскиот суд на Риека исто така бил информиран веднаш (види параграф 14 горе). Во својата жалба поднесена попладнето на 14 март 2007 година кај началникот на Приморско-горанската полициска управа, г-динот В., Г.М. тврдел дека тој повторно се обидел да го види жалителот меѓу 15.00 и 15.30 часот, но повторно му било кажано од полицијата да замине.
87. Денот после полицискиот распит, кога жалителот бил изнесен пред истражен судија и прашан кој му бил адвокат, тој се жалел дека тој не го ангажирал М.Р. и дека тој изречно барал да биде застапуван од Г.М. за време на полицискиот распит. Тој тврдел дека полицијата никогаш не го информирала дека Г.М. се обидел да стапи во контакт со него. Во тој момент, за време на испитувањето од страна на истражниот судија, жалителот повеќе не бил застапуван од М.Р. туку од Г.М. (види параграф 22 горе).
88. Во своето барање од 16 март 2007 година до истражниот судија, Г.М. го опишал детално однесувањето на полицијата и ги изнел своите приговори во таа смисла (види параграф 23 горе).
89. Исто така за време на судењето жалителот се жалел на одбивањето на полицијата да му дозволи на адвокатот Г.М. да стапи во контакт со него на 14 март 2007 година и побарал основниот суд да го чуе сведочењето на Г.М., но неговото барање било одбиено како нерелевантно (види параграф 44 горе).
90. Во сите овие изјаснувања било изјавено дека Г.М. бил ангажиран од страна на родителите на жалителот да го застапува жалителот за време на полицискиот распит и дека полицијата не му дала пристап на Г.М., иако тој всушност дошол до полициската станица пред да започне распитот на жалителот и пред адвокатот М.Р. да биде повикан во полициската станица. Исто така тврдел дека иако утрината на 14 март 2007 година Г.М. имал само усно овластување од мајката на жалителот, истото попладне неговиот приправник го покажал писменото полномошно од таткото на жалителот (види параграф 16 горе).
91. На тој начин жалителот, преку сопственото однесување и тоа на неговиот адвокат јасно го привлекол вниманието на околностите во кои Г.М. се обидел да стапи во контакт со него пред неговиот распит од полицијата.
92. Во овој контекст Судот утврдува дека е доволно утврдено дека Г.М. бил ангажиран од едниот или двајцата родители на жалителот, дека тој се обидел во повеќе од една прилика на 14 март 2007 година да го види жалителот во риечката полициска станица и дека полициските службеници му рекле да замине без да го информираат жалителот дека Г.М. дошол да го види. Судот исто така е задоволен дека посетите на Г.М. и неговите барања да го види жалителот во полициската станица се случиле пред да започне распитот на жалителот во полицијата.
93. Затоа, иако жалителот формално го избрал адвокатот М.Р. да го застапува за време на полицискиот распит, тој избор не бил информиран избор бидејќи жалителот не знаел дека друг адвокат, ангажиран од неговите родители дошол во полициската станица да го види со цел да го застапува.
(б) Дали постоеле релевантни и доволни причини во интерес на правдата да го ограничат пристапот на жалителот до Г.М.?
94. Судот забележува дека единствената причини наведена од Владата да не му се даде пристап на Г.М. до жалителот бил фактот дека Г.М. според гледиштето на Владата, го немал потребното полномошно да го застапува. Истовремено, Владата не оспорила дека жалителот не бил информиран во релевантното време дека Г.М. се обидувал да го види во полициската станица.
95. Судот меѓутоа забележува дека Г.М. тврдел пред националните власти дека тој всушност обезбедил писмено полномошно од родителите на жалителот на 14 март 2007. Се чини дека овие тврдења никогаш не биле убедливо отфрлени во домашните постапки. Исто така, писмено полномошно било вклучено во досието на случајот подготвено од истражниот судија на 15 март 2007 година, кога жалителот бил изнесен пред него од полицијата.
96. Релевантното домашно право е јасно во однос на фактот дека бранител можел да биде ангажиран од самиот осомничен или од негови роднини, вклучително неговите родители (види член 62 од Законот за кривична постапка, параграф 59 горе). Во согласност со став 6 од членот 62, еден осомничен може усно да овласти некој адвокат да го застапува во постапките. Намената на членот 62, став 4 од Законот за кривична постапка, кој уредува дека бранителот може да биде ангажиран од блиски роднини на обвинетиот, но дека обвинетиот може изречно да го одбие избраниот адвокат не може да се постигне доколку обвинетиот не биде информиран дека неговите блиски роднини му ангажирале адвокат. Во секој случај, ја обврзувал полицијата барем да го информира жалителот дека Г.М. дошол во полициската станица и дека бил овластен од неговите родители да го застапува. Меѓутоа полицијата пропуштила да го информира жалителот за ова и исто така не му дозволила на Г.М. да го види.
97. Ваквиот пропуст и одбивање едвај да може да се објасни од фактот дека жалителот подоцна потпишал полномошно со кое го овластил М.Р. да биде присутен за време на неговиот распит од страна на полицијата. Како што веќе беше споменато, тој тоа го направил во услови кога воопшто не бил свесен за обидите на адвокатот Г.М. да му помогне по добиените насоки од неговите родители.
98. Ниту пак документите во кривичниот случај даваат некакво оправдување за пропустите и активностите на полицијата како резултат на што жалителот не добил можност да избере дали тој сакал Г.М. да му помогне за време на распитот. Исто така според писмениот записник од усното сведочење на жалителот пред истражниот судија на 15 март 2007 година, ден после неговото апсење, жалителот изјавил дека Г.М. бил адвокатот што тој го избрал и дека полициските службеници не му дале пристап до него. Тој исто така рекол дека тој не го ангажирал М.Р. како негов адвокат (види параграф 22 горе).
99. Во овие околности Судот не е убеден дека оспореното ограничување, што произлегло од однесувањето на полицијата, на можноста на жалителот да го назначи Г.М. да го застапува од самиот почеток при распитот од страна на полицијата било поткрепено од релевантни и доволни причини (на пример на релевантните и доволни причини, види Мефтан и други, цитиран горе, § 45; Мајзит, цитиран горе, § 68; Popov v. Russia, no. 26853/04, § 173, 13 July 2006; и исто така Загородниј, цитиран горе, § 53, во врска со неквалификуваноста на застапникот; Витан, цитиран горе, §§ 59-63, каде адвокатот што го избрал обвинетиот не се појавил на судењето без оправдана причина; Кроасан, цитиран горе, § 30, во врска со назначувањето на дополнителен адвокат за да се обезбеди соодветно спроведување на постапките; Prehnv. Germany (dec.), no. 40451/06, 24 August 2010, во врска со заменувањето на адвокат кој не работел во истиот суд и бил лоциран далеку поради што било попречено соодветното спроведување на постапките; и Климентјев, цитиран горе, § 118, каде обвинетиот бил застапуван од повеќе адвокати, од кои не сите можеле да учествуваат во постапките).
(в) Дали жалителот се откажал од своето право да биде застапуван од адвокат по сопствен избор?
100. Судот одлучи дека ниту формулацијата ниту духот на членот 6 од Конвенцијата не спречува едно лице да се откаже по сопствена слободна волја, било изречно или преќутно, од своето право на гарантираното правично судење. Меѓутоа, таквото откажување мора, доколку треба да е делотворно, да е согласно намената на Конвенцијата да биде утврдено на недвосмислен начин; не смее да е спротивно на никаков важен јавен интерес (види Sejdovic v. Italy [GC], no. 56581/00, § 86, ECHR 2006-II), и мора да поседува минимум заштита која одговара на неговата важност (види Poitrimol v. France, 23 November 1993, § 31, Series A no. 277-A).
101. Во врска со ова, може да се повтори дека правото на адвокат, како основно право меѓу оние кои претставуваат поим за правично судење и обезбедуваат делотворност на останатите гаранции дадени во членот 6 од Конвенцијата, претставува пример на оние права кои бараат посебна заштита на стандардот за „информирано и интелигентно откажување“ воспоставено од судската пракса на Судот (види Pishchalnikov v. Russia, no. 7025/04, § 77-79, 24 September 2009). Таквиот стандард според ставот на Судот треба да се применува за изборот на адвокат од страна на жалителот во овој случај.
102. Како што Судот веќе има забележано, жалителот не знаел дека Г.М., кој бил ангажиран од неговите родители дошол во полициската станица да го види. Судот исто така забележува дека жалителот го оспорил она што тој го карактеризирал како „наметнување“ на адвокатот М.Р. за време на полицискиот распит, најпрво за време на неговото првично испрашување од страна на истражниот судија и последователно во текот на целата постапка. Во овие околности, не може да се тврди дека со потпишувањето на полномошно и давањето на изјава на полицијата, жалителот недвосмислено се откажал, било преќутно или експлицитно од секое од правата што ги имал согласно членот 6 од Конвенцијата да биде застапуван од адвокат по негов сопствен информиран избор.
(г) Дали ѝ било наштетено на правичноста на постапките како целина?
103. Осврнувајќи се на следното прашање дали ограничувањата што произлегле во однос на информираниот избор на адвокат од страна на жалителот влијаело на негативен начин врз правичноста на постапките како целина, Судот забележува на самиот почеток дека изјавата на жалителот била употребена за да биде осуден, иако таа не бил главната платформа на случајот на обвинителството (види, наспроти тоа, Magee v. the United Kingdom, no. 28135/95, § 45, ECHR 2000‑VI). Точно е исто така дека првостепениот суд ја разгледал неговата изјава во контекст на сложен корпус на докази изнесени пред него (спореди Bykov v. Russia [GC], no. 4378/02, § 103, 10 March 2009). Конкретно, при осудувањето на жалителот, првостепениот суд се потпирал на изјавите на низа сведоци кои биле вкрстено испрашани за време на судењето, бројните вештачења и записниците од истрагата на местото на злосторството и претресите и запленувањата, како и релевантните фотографии и други физички докази. Дополнително, првостепениот суд на располагање ги имал признанијата дадени од лицата сообвинети со жалителот, и ниту жалителот, ниту неговите сообвинети никогаш не тврделе дека некое од нивните права биле прекршени кога ги дале тие изјави.
104. Ниту пак жалителот некогаш се жалел за време на кривичните постапки дека адвокатот М.Р. не му дал соодветен правен совет. Понатаму, во своите заклучни аргументи на судењето, адвокатот на жалителот побарала од судот – во случај да биде одбиена молбата на нејзиниот клиент да биде прогласен дека не бил виновен – при одредувањето на казната да го земе во предвид признанието што го дал пред полицијата и неговото искрено каење (види параграф 47 горе).
105. Што се однесува до начинот на кој М.Р. бил избран да го застапува жалителот Судот упатува на членот 177 § 5 од Законот за кривична постапка, што бара дека на обвинетиот најпрво требало да му биде кажано да ангажира адвокат по негов сопствен избор (види параграф 60 горе). Само кога адвокатот кој на почетокот е избран од осомничен не може да се појави на полицискиот распит во одреден рок треба да се избере адвокат за замена од листата на дежурни адвокати која му се доставува на надлежниот полициски орган од страна на жупанските ограноци на Хрватската адвокатска комора. Меѓутоа не постојат дефинитивни докази во документите доставени до Судот за тоа дали овие процедури биле почитувани во случајот на жалителот. Судот смета дека е жалосно дека процедурите што се користеле и одлуките што биле донесени не биле соодветно документирани за да се избегнат секакви сомнежи за несоодветен притисок во однос на изборот на адвокат (види, mutatis mutandis, Мартин, цитиран горе, § 90, и Horvatić v. Croatia, no. 36044/09, §§ 80-82, 17 October 2013).
106. Судот забележува дека записникот од распитот на жалителот од страна на полицијата укажува дека М.Р. пристигнал во полициската станица во приближно 19.45 година на 14 март 2007 година и дека распитот на жалителот започнал во 20.10 часот (види параграф 21 горе). Нема никакви индикации за точното време кога жалителот и М.Р. реално започнале со консултациите, ниту пак има некакво објаснување зошто не била обезбедена таа информација во записникот од распитот. Судот забележува исто така дека изјавата на Д.Х., риечкиот жупански јавен обвинител, укажува дека М.Р. разговарал со жалителот на само околу десет минути (види параграф 25 горе). Пресудата на Жупанскиот суд на Риека покажува дека М.Р. дошол во полициската станица во 19.45 часот, и дека распитот започнал во 20.10 часот (види параграф 50 горе). Ова било потврдено во пресудата на Врховниот суд (види параграф 54 горе). Според ставот на Судот, без да шпекулира за делотворноста на правната помош обезбедена од М.Р., овој период се чини дека бил релативно краток, со оглед на опсегот и сериозноста на обвиненијата, кои вклучувале три тешки убиства и дополнителни обвиненија за вооружена кражба и подметнување на пожар. Треба исто така да се има во предвид во овој контекст условот од членот 6 § 3 (б) дека обвинетиот треба да добие соодветно време и можности за подготовка на својата одбрана.
107. Г.М. се чини дека веќе му стоела на располагање за помош на жалителот утрото, доста време пред да започне распитот и бил адвокат кој жалителот го познавал од претходен случај. Доколку тој бил информиран од полицијата за присуството на Г.М. и доколку го избрал Г.М. да го застапува, жалителот ќе имал значително повеќе време да се подготви за распитот.
108. Во врска со ова Судот повторно ја нагласува важноста на истражната фаза за подготовката на кривичните постапки со оглед дека добиените докази за време на оваа фаза ја одредуваат рамката во која делото за кое се обвинува ќе биде разгледано за време на судењето (види Салдуз, цитиран горе, § 54), и нагласува дека лице кое е обвинето за кривично дело веќе треба да има добиено можност во оваа фаза да добие правна помош по сопствен избор (види Мартин, цитиран горе, § 90). Правичноста на постапките бара обвинетиот да може да добие цел спектар на услуги конкретно поврзани со правната помош. Во врска со ова, адвокатот мора да може да ги обезбеди без ограничување основните аспекти од одбраната на тоа лице: разговор за случајот, организирање на одбраната, собирање на докази во корист на обвинетиот, подготовка за распитот, поддршка за обвинетиот кој страда и проверка на условите на притворот (види Дајанан, цитиран горе, § 32).
109. Кога, како во овој случај, се тврди дека назначувањето или изборот на адвокатот од страна на осомничениот што требало да го застапува било под влијание или наведувано во насока осомничениот да даде инкриминирачка изјава на самиот почеток од кривичната истрага, се бара внимателна анализа од страна на властите, имено националните судови. Меѓутоа, образложението на националните судови во актуелниот случај во врска со правното оспорување од страна на жалителот во врска со начинот на кој неговото признание било земено од полицијата било далеку од доволно. Ниту првостепениот суд, ниту истражниот судија, ниту некој друг национален орган не презеле чекори да се сослуша како сведок Г.М. или полициските службеници кои биле инволвирани за да се утврдат релевантните околности поврзани со посетата на Г.М. на риечката полициска станица на 14 март 2007 година во врска со распитот на жалителот од страна на полицијата. Особено националните судови не направиле никаков напор да дадат образложение во поткрепа или како оправдување за нивната одлука во смисла на вредностите на едно правично кривично судење како што е воспоставено во членот 6 од Конвенцијата.
110. Во овие околности, со оглед на целта на Конвенцијата, која е да се заштитат правата кои се практични и делотворни (види Lisica v. Croatia, no. 20100/06, § 60, 25 February 2010), Судот не е убеден дека жалителот имал ефективна можност да ги оспори околностите во кои М.Р. бил избран да го претставува во текот на полицискиот распит.
111. При утврдувањето дали, при преземањето на кривичните постапки во целина, жалителот имал „правично судење“ согласно членот 6 § 1, Судот мора да ги има во предвид дејствијата на полицијата за делотворно спречување на жалителот, на самиот почеток од истрагата, да нема пристап до адвокатот што му го избрало семејството и до слободен избор на неговиот адвокат и на последиците од однесувањето на полицијата за последователните постапки. Апстрактно гледано, доколку еден осомничен добие помош од квалификуван адвокат кој е обврзан од професионална етика, наместо друг адвокат кој можеби претпочитал да го назначи, само по себе ова не е доволно за да докаже дека целото судење било неправично – под услов да нема докази за евидентна некомпетентност или пристрасност (види Artico v. Italy, 13 May 1980, § 33, Series A no. 37). Во овој случај, може да се претпостави дека последицата од однесувањето на полицијата била таа дека при давањето на неговата прва изјава пред полицијата, наместо да молчи, како што можел, жалителот признал, што последователно било искористено како доказ против него. Исто така е важно за време на истрагата и судењето жалителот последователно да не се потпирал на своето признание, со исклучок како олеснување во однос на казната, но да ја искористел првата можност, пред истражниот судија да го оспори начинот на кој било добиено неговото признание од полицијата (види параграф 23 горе). Иако постоеле други докази против него, значителното веројатно влијание на неговото првично признание врз понатамошниот развој на кривичните постапки против него не можело да се игнорира од страна на Судот. Како резиме, според гледањето на Судот, објективната последица од однесувањето на полицијата при спречувањето на адвокатот избран од семејството на жалителот да не дојде во контакт со него била поткопување на правичноста на последователните кривични постапки, заради инкриминирачката првична изјава која биле прифатена како доказ.
(д) Заклучок
112. Судот утврдил дека полицијата не го информирала жалителот ниту за тоа дека адвокатот Г.М. му бил на располагање за да го советува или за присуството на Г.М. во риечката полициска станица; дека жалителот за време на полицискиот распит ги признал делата за кои бил обвинет и дека ова признание било прифатено како доказ за време на неговото судење; и дека националните судови несоодветно се осврнале на ова прашање и, конкретно не успеале да преземат соодветни корективни мерки за да се обезбеди правичност. Овие фактори, земени заедно, неповратно им наштетиле на правата на одбрана на жалителот и ја поткопале правичноста на постапките во целина.
113. Затоа Судот смета дека во околностите на овој случај имало повреда на членот 6 §§ 1 и 3 (в) од Конвенцијата.
II. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
114. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
А. Штета
115. Жалителот барал 1.795.200 хрватски куни (ХРК) за нематеријална штета и дополнителен износ од 400 куни за секој ден, почнувајќи од 26 декември 2011 година до неговото ослободување од затвор како надоместок за болката што му била предизвикана од кривичните постапки и неговото затворање.
116. Владата не се изјасни во врска со ова.
117. Судот не може да шпекулира за исходот од постапките против жалителот. Наодот дека имало повреда на членот 6 §§ 1 и 3 (в) во актуелниот случај не значи дека жалителот бил неправедно осуден. Судот смета дека наодот на повреда претставува доволен правичен надоместок. Тој забележува дека членот 502 од Законот за кривична постапка дава можност за повторно започнување на постапката (види параграф 61 горе). Затоа тој го одбива побарувањето на жалителот (види Moser v. Austria, no. 12643/02, § 108, 21 September 2006; Maresti v. Croatia, no. 55759/07, § 75, 25 June 2009; Baloga v. Ukraine, no. 620/05, § 38, 16 September 2010; Hanif and Khan v. the United Kingdom, nos. 52999/08 and 61779/08, § 155, 20 December 2011; Gürkan v. Turkey, no. 10987/10, § 26, 3 July 2012; Denk v. Austria, no. 23396/09, § 24, 5 December 2013; и Aras v. Turkey (no. 2), no. 15065/07, § 62, 18 November 2014).
Б. Трошоци и издатоци
118. Пред Судскиот совет жалителот барал 5.000 куни во однос на трошоците од поднесувањето на уставната жалба. Тој понатаму барал 15.683 куни за трошоците што ги имал за постапките пред Судот.
119. Владата приговори на барањето во однос на трошоците во домашните постапки.
120. На 31 јули 2014 година и 21 јануари 2015 година жалителот поднел дополнително барање за трошоци и издатоци покрај тоа поднесено пред Судскиот совет. Дополнителното побарување се однесувало на трошоците од подготовката и неговото застапување на претресот на 21 јануари 2015 година. Дополнителните трошоци изнесувале вкупно 29.279,60 куни.
121. Според судската пракса на Судот еден жалител има право на рефундирање на своите трошоци и издатоци само доколку покажел дека истите настанале реално и неопходно и биле разумни во однос на износот. Во овој случај Судот забележува дека уставната жалба на жалителот поднесена во врска со кривичните постапки во прашање имала за цел да ја поправи повредата што Судот ја утврдил во однос на членот 6 §§ 1 и 3 (в) од Конвенцијата. Имајќи ги на ум документите кои ги поседувал и неговата судската пракса Судот смета дека износ од 6.500 евра е разумен за да ги покрие трошоците во однос на сите ставки и истиот му го доделува на жалителот, плус сите даноци на кои може да подложи во однос на тој износ.
В. Казнена камата
122. Судот смета дека е соодветно казнената каматна стапка да се заснова на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучи, со шеснаесет гласа наспроти еден, дека имало повреда на членот 6 §§ 1 и 3 (в) од Конвенцијата;
2. Одлучи, со шеснаесет гласа наспроти еден, дека одлуката дека имало повреда сама по себе претставува доволен правичен надоместок за секаква нематеријална штета што ја претрпел жалителот;
3. Одлучи, со шеснаесет гласа наспроти еден,
(а) дека тужената држава треба да му плати на жалителот во рок од три месеци износ од 6.500 евра (шест илјади и петстотини евра), плус сите даноци кои можеби треба да ги плати жалителот, за трошоци и издатоци, конвертирани во валутата на тужената држава по стапката што важи на датумот на исплатата;
(б) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата ќе се плаќа проста камата на гореспоменатиот износ по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка во текот на казнениот период плус три процентни поени;
4. Едногласно ги отфрли останатите побарувања на жалителот за правичен надоместок.
Изготвена на англиски и француски јазик, и усвоена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 20 октомври 2015 г.
Лоренс ИерлиДин Шпилман
Правен советникПретседател
Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, кон оваа пресуда се приложени следниве издвоени мислења:
(а) Мислење на согласување на судијата Зупанчич;
(б) Заедничко мислење на согласување на судиите Калајџиева, Пинто де Албукерки и Туковиќ;
(в) Мислење на согласување на судијата Силфис придружен од судијата Шпилман;
(г) Мислење на несогласување на судијата Вехабовиќ.
Д.С.
Т.Л.Е.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights ( ) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy