© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПЕТТИ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ ЕБРАИМИАН (EBRAHIMIAN) против ФРАНЦИЈА
(Жалба бр. 64846/11)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
26 ноември 2015 г.
Оваа пресуда ќе стане конечна согласно условите дефинирани во член 44 став 2 од Конвенцијата. Таа може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Ебраимиан (Ebrahimian) против Франција,
Европскиот суд за човекови права (петти оддел), кој заседаваше во рамките на совет составен од :
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Гана Јуткивска (Ganna Yudkivska),
Винсент А. де Гаетано (Vincent A. de Gaetano),
Андре Поточки (André Potocki),
Хелена Јадерблом (Helena Jäderblom),
Алеш Пејчал (Aleš Pejchal),
Сиофра О Лири (Síofra O’Leary), судии,
и од Милан Блашко (Milan Blaško), заменик секретатр на оддел,
Расправајќи на затворена седница на 20 октомври 2015 година
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалба (бр 64846/11) против Република Франција поднесена од страна на државјанка на таа држава, г-ѓа Кристиан Ебраимиан (Christiane Ebrahimian) („жалителката“) која се обрати до Судот на 12 октомври 2011 година, согласно членот 34 од Европската конвенција за човекови права и основни слободи ( „Конвенцијата“).
2. Жалителката беше застапувана од страна на г-дин В. Ворд (W. Word), адвокат во Париз. Француската Влада („владата“) беше застапувана од нејзиниот агент, г-дин Франсоа Алабрин (François Alabrune), Директор за правни работи при Министерството за надворешни работи.
3. Жалителката тврди дека непродолжувањето на нејзиниот договор како социјален работник, со образложение дека не сакала да ја симне марамата што ја носела, претставувало повреда на членот 9 од Конвенцијата.
4. На 10 јуни 2013 година, жалбениот навод во врска со членот 9 бил доставен до Владата и жалбата била прогласена за недопуштена за остатокот.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
5. Жалителката е родена во 1951 година и живее во Париз.
6. Жалителката била вработена со договор на одредено време од три месеци, од 1 октомври до 31 декември 1999 година, продолжен за период од една година од 1 јануари до 31 декември 2000 година, како договорен службеник на јавната болничка служба во својство на социјален работник во рамките на одделението за психијатрија во Центарот за прием и болнички услуги во Нантер (CASH), социјална и здравствена јавна установа на градот Париз.
7. На 11 декември 2000 година, директорот на човечките ресурси на Центарот ја известил жалителката дека нејзиниот договор немало да биде обновен почнувајќи од следниот 31 декември. Оваа одлука била мотивирана од одбивањето од страна на жалителката да ја симне марамата и била донесена по поплаките од некои пациенти на центарот.
8. На 28 декември 2000 година, во одговор на писмо од страна на жалителката во кое се повикувала на нелегалноста на необновувањето на нејзиниот договор со образложение дека причина за истото биле нејзините верувања и нејзината припадност на муслиманската вероисповед, директорот на човечките ресурси укажал дека, во текот на разговорот од 30 ноември 2000 г. кој и претходел на одлуката на администрацијата, нејзе не и била префрлена нејзината верска припадност, туку, едноставно, била потсетена на правата и обврските на државните службеници, односно забраната за јавно покажување на ваквата припадност. Тој продолжил вака:
„Истакнав дека бев принуден да се сретнам со вас, по поплаките изнесни кај г-ѓа М., социо-образовен работник, истовремено од страна на пациенти кои одбивале да се сретнат со вас заради ова јавно изразување на верската припадност и од страна на социјални работници за кои станувало сè потешко да се справат со оваа многу деликатна ситуација. Треба да се забележи дека г-ѓа М. зборувала со вас за овие тешкотии и се обидела да ве убеди да не ги изразувате јавно вашите верски убедувања, дури и пред поплаките да стигнат до Дирекцијата за човечки ресурси. Впрочем,. администрацијата беше официјално информирана за проблемот што го предизвикало вашето покривање на главата само кусо време пред разговорот на 30 ноември.
Во врска со вашата покриена глава во моментот на вработувањето: како што знаете, интервјуто за работа трае најмногу еден час. Луѓето доаѓаат облечени во „градска“ облека, без притоа да мораат да го соблечат палтото или шамијата. Фактот дека сте биле покриени за време на ова интервју не бил протолкуван како знак за припадност, туку едноставно како начин на облекување.
Прекинувањето на вашиот договор се заснова на правна основа, а не на дискриминација.“
Директорот на човечки ресурси уште ја потсетил жалителката во ова писмо на мислењето на Државниот совет од 3 мај 2000 година. Ова мислење укажувало дека принципот на слобода на совеста како и оној на секуларноста на државата и на неутралноста на јавните услуги се однесуваат на сите нив, и спречуваат државните службеници да располагаат, во рамките на јавните служби, со правото да ги изразуваат своите верски убедувања и, конечно, дека носењето на обележје наменето да ја изрази верска припадност претставува кршење на обврските од страна на државниот службеник (видете став 26 подолу).
9. Со жалба од 7 февруари 2001 година, жалителката поднела барање до парискиот Управен суд за поништување на одлуката од 11 декември 2000 година.
10. Со писма од 15 и 28 февруари 2001 година, жалителката била информирана за одлуката на директорот за човечки ресурси на CASH за да ја запише на испитот за државни и јавни службеници за социо-едукативни асистенти и да и дозволи да учествува на истиот. Оваа одлука била донесена согласно Уредбата од 26 март 1993 година за специјалниот статус на социо-едукативните помошници на болничката јавна служба. Овој текст наведувал дека асистентите имаат за задача да им помогнат на пациентите и на нивните семејства кои се соочуваат со социјални тешкотии во барањата и процедурите, преку учество во изготвувањето и спроведувањето на проектот на институцијата од која зависат, како и на социјални и образовни проекти, пред се во координација со други институции или социјални служби. Жалителката не дошла на испитот.
11. Со пресуда од 17 октомври 2002 година, Управниот суд оценил дека необновувањето на договорот е во согласност со принципите на секуларизмот и неутралност на јавните служби:
„(...) Имајќи го предвид Законот бр. 83-634 од 13 јули 1983 година [за правата и обврските на државните и јавните службеници, став 25 подолу] (...)
Сметајќи дека доколку јавните службеници ја уживаат, како и сите граѓани, слободата на совеста и религијата востановена со уставните, договорните и законодавните текстови, со кои се забранува секаква дискриминација врз основа на нивните религиозни верувања или нивниот атеизам, особено што се однесува на пристапот дo службата, одвивањето на кариерата или дисциплинскиот систем, принципот на секуларизмот на државата и на нејзините ограноци и оној на неутралноста на јавните служби спречуваат нејзините службеници да располагаат, во вршењето на своите функции, со правото на јавно изразување на нивните верски убедувања особено со нивна екстернализација преку облеката; дека овој принцип, кој има за цел да ги заштити корисниците на јавните услуги од било каков ризик на влијание или повреда на нивната сопствена слобода на совеста, се однесува на сите јавни услуги и не само на образованието; дека оваа обврска треба да се применува особено стриктно во однос на јавните услуги чии корисници се во состојба на ранливост или зависност; (...) “
Тој ја отфрлил жалбата на жалителката, посочувајќи дека одлуката да не се обнови нејзиниот договор била донесена поради нејзиното одбивање да ја извади шамијата што ја носела „по жалбите од страна на некои пациенти од здравствениот центар и покрај повторените предупредувања од нејзините претпоставени и пријателските совет на нејзините колеги. “ Судот сметал дека, со оглед на изнесените начела за јавното изразување на религиозните убедувања во рамките на јавните служби, управниот орган, со тоа што одбил да го обнови договорот заради имплицитната причина на носење „облека која јавно ја изразува, на нападен начин, припадноста на некоја религија“ не направил никаква грешка во својата оценка. Тој заклучил „дека така, дури иако работодавецот на жалителката го толерирал носењето на оваа шамија во текот на повеќе месеци и тоа однесување не можело да се смета за намерно провокативно или прозелитско, болничкиот ценатр не сторил каква и да е незаконитост одлучувајќи да не го обнови договорот откако таа одбила да ја извади својата марама.“
12. Во пресудата од 2 февруари 2004 година, Управниот апелационен суд на Париз оценил дека оспорената одлука имала дисциплински карактер бидејќи „јасно произлегува, како од писмото од 28 декември на директорот на човечките ресурси на центарот, така и од писмениот поднесок на установата дека таа била донесена поради упорноста на [жалителката] да носи, за време на својата служба, покривка за главата на верска основа (...)“. Според тоа, тој ја укинал одлуката заради грешка во постапката бидејќи жалителката не била информирана за причините за предложената мерка пред таа да биде донесена ниту пак и било овозможено да го консултира своето досие.
13. Заради извршување на пресудата по жалбата, директорот на CASH ја поканил жалителката да го прочита досието. Со образложена одлука од 13 мај 2005 година, тој и ја потврдил одлуката за необновување на договорот:
„Следствено на пресудата на Управниот апелационен суд од Париз од 2 февруари 2004 година, која го задржа дисциплинскиот карактер на причината за необновување на вашиот договор на одредено време кој истече на 31 декември 2000 година, ве поканивме одново да го разгледате вашето административно досие на 10-ти мај, со цел се регуларизира постапката.
До денес и како што е потребно, согласно оваа судска одлука, ве известуваме дека на дисциплинската основа што доведе до необновување на вашиот договор се должи на вашето одбивање да ја симнете покривката од главата која ја изразува на нападен начин вашата верска припадност.
Така, со примена на принципите на секуларизмот на државата и неутралноста на јавни услуги, врз основа на обврската за воздржаност на која е подоложен секој државен службеник, без оглед дали тој е на договор, вашето одбивање да ја откриете главата при вршењето на вашите должности, претставува повреда на вашите обврски и ве изложува на законска дисциплинска мерка, онака како што тоа беше истакнато во мислењето на Државниот совет, од страна на г-ца Марто (Marteaux), со датум од 3 мај 2000 година.
Усвоената одлука да не се обнови договорот се покажа уште пооправдана во овој случај со оглед на тоа што вашите должности ги вршите во контакт со пациентите.“
14. Со писмо од 29 јуни 2005 година, Управниот апелационен суд ја известил жалителката дека CASH ги преземал мерките вклучени во пресудата од 2 февруари 2004 година. Тој укажал дека кога една одлука е поништена на процедурална основа, управниот орган може легално одново да донесе одлуки слични на оние кои биле поништени, но почитувајќи го пропишаниот начин, и дека новата одлука од 13 мај 2005 година може да биде оспорена пред Управниот суд.
15. Во јануари 2006 година, жалителката побарала поништување на одлуката од 13 мај 2005 г. од Управниот суд од Версај. Таа особено укажала на тоа дека мислењето на Државниот совет од 3 мај 2000 година, кое било потенцирано од страна на нејзиниот работодавец, било наменето само за наставно-образовните кадри.
16. Со пресуда од 26 октомври 2007 година, судот го отфрлил барањето врз основа на принципот на секуларизам и неутралност на јавните служби:
„ Сметајќи дека доколку јавните службеници ја уживаат, како и сите граѓани, слободата на совеста и религијата востановена со уставните, договорните и законодавните текстови, со кои се забранува секаква дискриминација врз основа на нивните религиозни верувања или нивниот атеизам, особено што се однесува на пристапот дo службата, одвивањето на кариерата или дисциплинскиот систем, принципот на секуларизмот на државата и на нејзините ограноци и оној на неутралноста на јавните служби спречуваат нејзините службеници да располагаат, во вршењето на своите функции, со правото на јавно изразување на нивните верски убедувања особено со нивна екстернализација преку облеката; овој принцип, има за цел да ги заштити корисниците на јавните услуги од било каков ризик на влијание или повреда на нивната сопствена слобода на совеста.
Со оглед на горе наведените начела во врска со изразувањето на религиозни убедувања во рамките на јавните служби, управниот орган, одлучувајќи да не го обнови договорот за социјален работник [на жалителката] врз основа на носење облека која изразува, на нападен начин, верска припадност, не сторил незаконитост. “
17. Жалителката ја обжалила пресудата.
18. Со пресуда од 26 ноември 2009 година, Управниот апелационен суд од Версај ја потврдил пресудата со преземање на причините наведени од страна на претходниот суд.
19. Жалителката поднела барање за поништување на пресудата. Во нејзината основа за жалба, таа истакнала дека Управниот апелационен суд ја лишил својата пресуда од правна основа со тоа што не ја навел природата на облеката чие носење ја оправдало санкцијата. Таа се осврнала и на непропорционалната природа на истата и на нејзината неусогласеност со членот 9 од Конвенцијата.
20. Со пресуда од 9 мај 2011 година, Државниот совет ја прогласил жалбата за недопуштена.
II. РЕЛЕВАНТНОТО НАЦИОНАЛНО ПРАВО И СУДСКА ПРАКСА
А. Принципите на секуларизам и неутралност на јавните служби
21. Во случајот Dogru c. France (бр. 27058/05, 4 декември 2008 година), во врска со носењето на верски симболи во училиштата, Судот имал прилика да го разјасни концептот на секуларизмот во Франција. Тој потсетил во оваа прилика дека остварувањето на слободата на вероисповед во јавниот простор е директно поврзана со принципот на секуларизмот. Овој принцип, кој произлегува од долга француска традиција, има свои корени во Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од 1789 година, чиј член 10 предвидува дека „Никој не смее да биде малтретиран заради своите убедувања, па дури и верски, под услов нивното изразување да не го наруши јавниот ред и мир утврден со закон“. Тој, исто така, се појавува во големите училишни закони од 1882 и 1886 година со кои се воведува задолжителното основно училиште, како јавно и секуларно. Но, вистинскиот камен темелник на францускиот секуларизам е законот од 9 декември 1905 година, наречен закон за одвојувањето на црквата и на државата, кој го означува крајот на една долга битка меѓу републиканците произлезени од Француската револуција и Католичката црква. Неговиот член 1-ви вели: „Републиката ја обезбедува слободата на совеста. Таа го гарантира слободното практикување на вероисповедта со исклучок единствено на ограничувањата стипулирани во понатамошниот текст во интерес на јавниот ред.“ Принципот на одвојувањето е потврден од страна на членот 2: „Републиката не признава, плаќа или субвенционира, како официјална, која и да е вероисповед (...)“. Од овој „секуларен пакт“, произлегуваат повеќе последици како за јавните служби така и за корисниците. Тој подразбира признавање на религиозниот плурализам и на неутралноста на државата кон вероисповедите.
Принципот на секуларност, барањето за неутралност на државата и на неговата последица, еднаквоста, се наведени во членот 1 од Уставот од 4 октомври 1958 година, кој гласи вака:
„Франција е неделива, секуларна, демократска и социјална Република. Таа ја гарантира еднаквоста пред законот на сите граѓани без разлика на потеклото, расата или религијата. Таа ги почитува сите верувања. Нејзината организација е децентрализирана.“
22. Од 1980 година, праксата на носење верски симболи во училиштата и во болниците се разви во Франција, предизвикувајќи реакции врз основа на принципот на секуларизмот (видете став 29 подолу). На 1-ви јули 2003 година, претседателот на Републиката основал „комисија за размисла за спроведувањето на принципот на секуларизмот во државата“, што тој ја задолжил да спроведе на „темелна и спокојна размисла (...) за конкретните барања кои треба да произлезат за секого од почитувањето на принципот на секуларизмот.“ Извештајот на оваа комисија, доставен на 11 декември 2003 година на Претседателот на Републиката, констатира постоење на закана за секуларизмот во училиштата и во јавните служби. Како резултат на овој извештај бил усвоен законот од 15 март 2004 година со кој се регулира носењето на симболи или на облека со кои учениците манифестираат верска припадност на нападен начин (Dogru, цитирана погоре, §§ 30 и 31).
23. Исто така како резултат на овој извештај, по барање од страна на премиерот, Високиот совет за интеграции објавил во јануари 2007 година мислење вклучувајќи и „нацрт повелба за секуларизмот во јавните служби.“ Овој нацрт бил преземен во циркуларот на премиерот бр. 5209 / SG од 13 април 2007 година во врска со повелбата за секуларизмот во јавните служби, во кој се утврдуваат правата и обврските на службениците, како и оние на корисниците на јавните услуги:
„Секој јавен службеник е должен да биде строго неутрален. Тој мора еднкаво да се однесува кон сите луѓе и да ја почитува нивната слобода на совеста.
Доколку јавен службеник ги изразува своите верските убедувања при вршењето на своите функции, тоа претставува прекршување на неговите обврски.
Одговорните од јавните служби се должни да обезбедат почитување на спроведувањето на принципот на секуларизам во рамките на овие служби.
Слободата на совеста е загарантирана за јавните службеници. Тие можат да користат дозвола за отсуство од работа за да присуствуваат на верски празник ако таа е во согласност со потребите на нормалното функционирање на службата.“(...)
„Сите корисници се еднакви пред јавните служби.
Корисниците на јавни услуги имаат право да ги изразат своите верски убедувања во рамките на почитувањето на неутралноста на јавната служба, на нејзиното добро функционирање и императивите на јавниот ред и мир, безбедноста, здравјето и хигиената.
Корисниците на јавните услуги мора да се воздржат од било каква форма на прозелитизам.
Корисниците на јавни услуги не можат да приговорат на јавен службеник или на други корисници, нити да бараат прилагодување на функционирањето на јавната служба или на јавната опрема. Меѓутоа, јавната служба се обидува да ги земе во предвид убедувањата на корисниците во согласност со правилата на кои таа е подложена и на нејзиното добро функционирање.
Кога е потребно утврдување на идентитетот, корисниците мора да се усогласат со обврските кои произлегуваат од тоа.
Корисниците кои се ангажирани на полно работно време во јавна служба, особено во рамките на здравствено- социјалните, болничките или казнените установи имаат право на почитување на нивните верувања и можат да учествуваат во практикувањето на нивната вероисповед, земајќи ги предвид ограничувања кои произлегуваат од барањата за правилно функционирање на услугата.“
24. Неодамна, Уставниот совет укажал дека принципот на секуларизмот спаѓа во правата и слободите гарантирани со Уставот и дека треба да се дефинира како:
„(...) Согласно првите три реченици од првиот став од членoт 1 од Уставот: „Франција е неделива, секуларна, демократска и социјална Република. Таа ја гарантира еднаквоста пред законот на сите граѓани без разлика на потеклото, расата или религијата. Таа ги почитува сите верувања; принципот на секуларизмот спаѓа во правата и слободите гарантирани со Уставот; дека од него произлегува неутралноста на државата; дека од него, исто така, произлегува дека Републиката не признава како официјална ниту една вероисповед; дека принципот на секуларизам го наметнува особено почитувањето на сите верувања, еднаквоста на сите граѓани пред законот без разлика на верата и бара Републиката да го гарантира слободното практикување на вероисповедите; дека тој подразбира дека таа не финансира ниедна вероисповед (...)“ (Одлука бр. 2012-297 QPC, 21 февруари 2013 година, Association pour la promotion et l’expansion de la laïcité [traitement des pasteurs des églises consistoriales dans les départements du Bas-Rhin, du Haut-Rhin et de la Moselle]).“
25. Јавната служба ги вклучува сите јавни службеници, односно вработените од страна на јавен ентитет, назначени во принцип во јавна административна служба, и подведени под режимот на јавното право. Општиот статут на јавната служба е организиран во три огранока: државна јавна служба, територијалната јавна служба и болничката јавна служба. Слободата на мислење, вклучително и верското, на службениците на јавната служба е загарантирана со членот 6 од Законот од 13 јули 1983 година за правата и обврските на државните и јавните службеници. Припадноста на дадена религија не може да се внесе во досието на јавен службеник, таа не може да биде дискриминаторски фактор против кандидат или службеник на договор за одредено време за добивањето на работното место и одредени прилагодувања на работното време се дозволени во име на верските слободи, доколку тие се во согласност со доброто функционирање на службата.
Во исто време, слободата на совеста на овие службеници мора да се усогласи со барањето за верска неутралност кое е својствено за јавната служба. Јавните и државните службеници се подложени на етичката обврска за неутралност. Службеникот треба да обезбеди строгo еднаков третман на корисниците на услугите при вршењето на своите должности, без оглед на нивните убедувања или верувања. Принципот на неутралност надржавата подразбира дека „администрацијата и јавните служби треба да ги дадат сите гаранции на неутралност, но исто така мора да изгледаат така за корисникот да не може да се сомнева во оваа неутралност. Оттука, особено строга обврска за неутралност се наметнува за секој јавен службеник“ (Commission nationale consultative des droits de l’homme, Avis sur la laïcité, JO бр. 0235 од 9 октомври 2013 година). Обврската за неутралност на јавните службеници е утврдена со закон (став 26 подолу). Сепак, предлог-закон за деонтологијата и за правата и обврските на јавните службеници кој во мигов е во расправа беше усвоен од страна на Националното собрание, во прво читање, на 7 октомври 2015 година. Овој текст предвидува да ја впише во Законот од 13 јули 1983 година обврската за јавните службеници да ги вршат своите должности во согласност со принципот на секуларизмот, воздржувајќи се од изразување на своите верски чувства при вршењето на нивната функција.
Уставниот совет исто така во повеќе наврати се произнесе дека неутралноста е „основен принцип на јавната служба“ и дека принципот на еднаквост е негова последица (CC, бр. 86-217 DC од 18 септември 1986 ; CC, бр. 96-380 DC од 23 јули 1996). )
26. Според судската пракса на Државниот совет, принципот на неутралност на јавните служби го оправдува тоа да има ограничувања на изразувањето на религиозните верувања на службениците во извршувањето на нивните должности. Државниот совет уште одамна се произнесе во областа на образование: доколку јавен службеник од наставно-образованата дејност ги изразува при вршењето на своите должности своите верски убедувања тоа претставува повреда на „обврската за строга неутралност која се однесува на секој службеник во јавна служба“ (CE, 8 декември 1948 година, Demoiselle Pasteau, бр. 91.406 ; CE, 3 мај 1950, Demoiselle Jamet, бр. 98.284). Во своето мислење од 3 мај 2000 (ДС, мислење, Mlle Marteaux, бр. 217017), во врска со одлуката на ректор на академијата да го прекине договорот на една пазителка во основно училиште која носела марама, тој истакнал дека принципите на секуларизам и неутралност важат за сите јавните служби и ја појаснил забраната за јавните службеници да ги изразуваат своите верски убедувања во вршењето на нивните должности:
„1o Од уставните и законските текстови произлегува дека принципот на слобода на совеста и на секуларноста на државата и неутралноста на јавните служби се однесуваат на сите од нив.
2o Иако службениците од областа на јавната наставно-образовна област ја уживаат како и сите други јавни службеници слободата на совеста која забранува секаква дискриминација во пристапот до работните честа како и во напредокот во кариерата кој би се засновала врз нивната религија, принципот на секуларизам попречува тие да располагаат, во јавните служби, со правото на изразување на нивните верски убедувања.
Нема потреба да се прави разлика помеѓу службениците од оваа јавна служба според тоа дали се или не задолжени за изведување на наставата.
3o Од кажаното погоре произлегува дека доколку еден јавен службеник од наставо-образовната област ги изразува во извршувањето на своите должности своите верски уверувања, особено преку носење обележје наменето за покажување на неговата верска припадност, тоа претставува непочитување на неговите обврски.
Meрките кои треба да се преземат во однос на оваа повреда, особено на дисциплински план, мора да бидат оценети од страна на администрацијата под судска контрола, со земање во предвид на природата и степенот на нападниот карактер на ова обележје како и на другите околности под кои прекршокот бил утврден.“
Оваа судска пракса била проширена на сите јавни служби. Во посебен тематски осврт со наслов „Управниот судија и изразувањето на верските убедувања“ објавен на неговата веб страница во ноември 2014 година, Државниот совет го назначува, во врска со забраната за јавните службеници да ја изразат својата религија во вршењето на нивните должности, а во прилог на мислењето од 3 мај 2000 (видете став 26 погоре), следново:
„(...) Управниот судија вообичаено е повикан да одлучува за овие прашања во контекст на дисциплинска постапка. Законитоста на санкцијата ќе зависи тогаш од видот на изразување на религиозните верувања, од хиерархиската положба на службеникот како и од должностите кои ги врши или од предупредувањата кои претходно веќе му биле упатени. Казната исто така мора да биде пропорционална. Државниот совет така ја потврдил санкцијата преземена против јавен службеник кој ја имал ставено својата професионална адреса на сајтот на едно религиозно здружение (ДС, 15 октомври 2003, M.O., no 244428), или кој уште им раздавал на корисниците религиозни материјали за време на неговата служба (CE, 19 февруари 2009 година, M.B., no 311633).“
27. Барањето за неутралност се однесува на јавните служби, дури и ако тие се раководени од страна на организации од приватниот сектор (CE, Sect., 31 јануари 1964, CAF de l’arrondissement de Lyon). На ова исто беше потсетил Касациониот суд, во случај во врска со Фондот за примарно здравствено осигурување од Сен Сен-Дени (Seine Saint-Denis), во врска со вработена која работела како „техничарка за надоместоци за боледување“ која била отпуштена од работа затоа што носела исламска марама во облик на капа, прекршувајќи ги правилата на правилникот. Социјалниот совет на Касациониот суд сметал дека „принципите на неутралност и на секуларизам на јавната служба се применуваат на сите јавни услуги, вклучително и кога тие се обезбедени од страна на организации од приватиот сектор“ и дека „службениците од фондовите за примарно здравствено осигурување (...) се (...) пoдложени на одредени ограничувања кои произлегуваат од фактот дека тие учествуваат во мисијата на јавната служба, кои особено им забрануваат да ги изразат нивните верски убедувања преку надворешни обележја, особено преку облека (Cass., soc., 19 mars 2013, no 12‑11.690‑):
„(...) Со оглед на тоа дека враработената ги извршува своите обврски во јавна служба, заради природата на дејноста на Фондот, која вклучува доделување на надоместоци за боледување на осигурените лица од Сен Сен-Дени, дека таа работи поточно како „техничарка за надоместоци за боледување“ во центар кој, во просек, прима шест стотини педесет корисници на ден, без оглед на тоа дали вработената е или не е во директен контакт со лицата, Апелациониот суд беше во можност да заклучи дека ограничувањето утврдено со интерниот правилник на Фондот било неопходно за спроведување на принципот на секуларизмот кој, во очите на корисниците, ја гарантира неутралноста на јавната служба; (...). “
28. Неодамна, за време на една медиумски покриена правна постапка, социјалниот совет на Касациониот суд, најпрво, со пресуда од 19 март 2013 година, го прогласил за незаконско разрешувањето на една вработена во приватни јасли, чиј интерен правилник барал „почитување на принципите на секуларизам и неутралност“, заради тоа што таа одбивала да ја симне шамијата. Потоа, соочено со отпорот на Апелациониот суд во Париз пред кој бил случајот бил преупатен, пленарниот состав на Касациониот суд конечно ја одобрил оваа постапка со пресуда од 25 јуни 2014 година. По повод пресудата од 19 март 2013 година и на онаа од истиот ден опишана во ставот 27 погоре, правобранителот побарал од Државниот совет да изготви студија (Студија усвоена од страна на Генералното собрание на Државниот совет на 19 декември 2013 година). Правобранителот сакал да добие мислење од Државниот совет за различни прашања кои се однесувале на примената на принципот на верска неутралност во јавните служби, за да одговори на приговорите кои го покренувале прашањето за границата меѓу мисијата на јавниот служба, учеството во јавната служба, мисијата од општ интерес за која биле задолжени некои приватни структури, и примената на принципот на неутралност и на секуларизмот. Во оваа студија, Државниот совет особено потсетил на следново:
„1. Слободата на верските убедувања е општа. Од друга страна, може да има ограничувања наметнати на нивното изразување во одредени услови. Принципот на секуларизмот на државата, кој се однесува на односот помеѓу јавните тела и поединци, и принципот на неутралност на јавните служби, последица на принципот на еднаквост кој го регулира работењето на јавните служби, се во коренот на едно посебно барање за верска неутралност на овие служби. Ова барање се однесува, во принцип, на сите јавни служби, но не се применува, како такво, надвор од овие услуги.
2. Законот за работни односи ги почитува слободата на совеста на вработените и ги забранува дискриминациите од секаков вид. Тој, сепак, може да дозволи ограничувања на слободата на изразување на религиозните ставови и верувања, под услов таквите ограничувања да се оправдани со оглед на природата на задачата и пропорционални на целта што се спроведува. (...)
4. Барањето за верска неутралност им забранува на службениците на јавните служби и на правните лица од приватниот сектор на кои им било доверено управувањето со јавниот сервис да ги изразуваат своите верски убедувања при вршењето на нивните функции. Оваа забрана, сепак, треба да се помири со принципот на пропорционалност на прекршувањата на слободата на изразување на верата која произлегува од членот 9 од Европската конвенција за човекови права и основни слободи (...) “
Б. Принципи на неутралност во болничката јавна служба
29. Годишниот извештај на Опсерваторијата на секуларизмот 2013-2014 назначува, во делот „Состојба на терен во врска секуларизмот во здравствените установи“ дека, по извештајот на Комисијата за промисла околу примената на принципот на секуларизмот (видете став 22 погоре), бил земен во предвид Закон за секуларизмот во болница. Извештајот на Комисијата го вели следново:
„(...) Болницата веќе не е поштедена од овој вид пракса. Таа веќе била соочена со некои религиозни забрани, како што е спротиставувањето на трансфузија од страна на Јеховините сведоци. Во поново време се намножиле одбивањата, од страна на сопрузи или татковци, заради религиозни причини, нивните сопруги или ќерки да бидат лечени или породени од машки лекари. Жените така биле лишени од епидурална анестезија. Негуватели биле одбиени врз основа на нивната наводна вероисповед. Поопшто, некои верски преокупации на пациентите можат да го попречат функционирањето на болницата: ходниците се претвораат во приватни места за молитва; се организираат паралелни болнички кантини за да служат традиционална храна, прекршувајќи ги санитарните правила. (...)
Некои верски барања сега се преземени од страна на јавните службеници. Јавни службеници барале да носат, на нивното работно место, кипа или марама кои ја изразуваат нивната верска определба. Неодамна медицински практиканти, исто така, изразиле ваква желба.
Ваквото однесување, спротивно на принципот на неутралност којшто го структурира јавниот сервис, се многу загрижувачки. (...)“
Опсерваторијата на секуларизмот објаснува дека Министерството за здравство“, всушност го врамил ова прашање со циркулар“ (став 30 подолу) и дека, во оваа фаза, правниот арсенал е доволен. Таа појаснува дека информациите собрани во здравствените установи информации укажуваат на помирна ситуацијата која е под контрола. Најчестите проблеми, во однос на вработените во болницата, се носењето марама, молитвите во одредени периоди од денот и желбата за прилагодување на распоредот на работни часови за да не се работи на верските празници. Таа појаснува дека информациите со кои располага „покажуваат дека со соодветен дијалог, овие ситуации доведуваат до решение во согласност со принципите на неутралност на јавните службеници.“
30. Циркуларот од 6 мај 1995 година во врска со правата на хоспитализираните пациенти и содржејќи повелба на хоспитализираните пациенти укажува дека правата на пациентите „се остваруваат со почитување на слободата на другите“ (Циркулар DHGS / DH / 95 бр. 22). Покрај информациите кои се однесуваат на корисниците на јавните болница споменати погоре (став 23‑погоре), циркуларот бр.DHOS / G / 2005/57 од 2 февруари 2005 година за секуларизмот во здравствените установи го наведува следното:
„(...) I. - Верска слобода, начела на неутралност и недискриминација
Како што тоа е наведенено во извештајот Stasi (стр. 22) доставен до претседателот на Републиката на 11 декември 2003 година, секуларизмот, кој е востановен со членот 1 на Уставот од 1958 г. бара од Републиката да обезбеди „еднаквост пред законот за сите граѓани без разлика на потеклото, расата или религијата.“ За болницата, тоа го подразбира следново:
- Сите пациенти да бидат третирани на ист начин какви и да се нивните верски убедувања;
- Пациентите да немаат причина да се сомневаат во неутралноста на персоналот на болницата.
А.Еднаквост на лекувањето на пациентите
(...) Повелбата на хоспитализираните пациенти наведена погоре, потврдувајќи ја слободата на делување и изразување на пациентите во областа на религијата, потсетува: „Овие права се остваруваат со почитување на слободата на другите. Забранет е секаков прозелитизам, без разлика на тоа дали се работи за лице примено во установата, за волонтер, за посетител или за член на персоналот. “
Во оваа смисла, треба да се осигура дека изразувањето на верските убедувања не претставува повреда на:
- Квалитетот на негата и на правилата за хигиена (пациентот мора да прифати да ја носи пропишаната облека согласно здравствената нега);
- Спокојството на другите хоспитализирани пациенти и нивните блиски;
- Непреченото функционирање на службата. (...)
Б. Неутралност на јавната болничка служба и на државните и јавните службеници.
Должноста за неутралност е воспоставена веќе повеќе од половина век во судската пракса (Conseil d’État 8 декември 1948, Dlle Pasteau - 3 мај 1950, Dlle Jamet. Во спор околу едно училиште, Државниот совет издал мислење од 3 мај 2000 година (...) [став 26 погоре]
Во пресуда од 17 октомври 2002 година (Mме Е.) [видете став 11 погоре] (...), судот потсетува дека принципот на неутралност важи за сите јавни службеници, а не само оние од образованието (...).
Во пресуда од 27 ноември 2003 година (Mlle Nadjet Ben Abdallah), Управниот апелационен суд од Лион сметал дека: „Носењето, од страна на г-ца Бен Абдала (Ben Abdallah) (...) на марама чиј верски карактер таа експлицитно го нагласила, и повтореното одбивање да ја почитува издадената наредба да ја извади, во случај кога таа била информирана за недвосмисленоста на применливиот закон, (...) претставувал сериозен прекршок од таков вид за законски да ја оправда мерката суспендирање која била преземена против неа “
Овие принципи се однесуваат на сите државни и јавни службеници, со исклучок на свештениците на различните вероисповеди кои се споменати во членот Р. 1112-1146 од Законот за јавно здравје. Се потсетува дека јавните службеници се службеници кои придонесуваат за вршењето на јавните услуги: вработени на договор, интернисти ... Ќе се осигура дека, во согласност со членот L. 6143-7 од Законот за јавно здравје, директорите на јавните здравствени установи строго ги почитуваат овие принципи казнувајќи го систематски секое прекршување на овие обврски или известувајќи ги директорите на Департманските дирекции за здравство и социјални работи за каква било злоупотреба од страна на службеник чие назначување е во надлежност на префектот или министерот. (...)
II. Слободен избор на лекар и дискриминацијата во однос на јавен службеник
(...) На крајот, овој слободен избор од страна на пациентот не дозволува згриженото лице да може да се спротивстави на тоа член од здравствениот тим да преземе дијгностичка мерка или здравствена нега врз основа на утврдената или претпоставената вероисповед на последниов. (...)“
В. Релевантна судска пракса
31. Релевантните одлуки во врска со носење на марама од страна на јавните службеници се наведени во горенаведениот циркулар (став 30 погоре). Пресудата на Управниот суд изречена на 17 октомври 2002 година во конкретниот случај често се наведува како пример, затоа што потврдува дека принципот на неутралност се однесува на сите јавни служби, а не само за областа на јавното образование. Пресудата од 27 ноември 2003 година донесена од страна на Управниот апелационен суд од Лион во случајот Mlle Ben Abdallah (видете став 30 погоре), во врска со една жена контролор на трудот која одбивала да ја симне својата марама, исто така, е референтна пресуда. Државниот совет, меѓутоа, не бил повикан да се произнесе во овој случај. Во пресудата се вели дека одлуката за суспендирањето на службеник во очекување на санкција се носи во зависност од „сите околности на случајот и, меѓу другото, природата и степенот на нападниот карактер на обележјето, на видот на функциите кои му се доверени на службеникот, како и од вршењето од негова страна било на прерогативите на јавна власт, било на функции на претставување на истата.“ Во овој случај, Комесарот на Владата го истакнал следново:
„(...) диференцирана проценка на обврската на неутралност во јавната служба, од видот на онаа за која која се залага Судот во Стразбур (Dahlab c. Suisse (одл.), бр. 42393/98, ЕСЧП 2001‑V ), е сосема во согласност со пристапот усвоен од судската пракса за вработените во приватниот сектор. Така, судијата веќе води сметка, што се однесува до конкретниот случај на носењето на исламска шамија, за природата на работните должности што се вршат и за имиџот што на компанијата и го дава носењето на вакво обележје од страна на вработена. Овој пристап тогаш води до дефинирање на критериуми за процена кои, без одрекување на принципот на неутралност, ќе овозможат негова попрагматична примена, земајќи ја во предвид природата на функциите што се вршат (наставни функции, управни функции) и на условите на нивното вршење (контакти со јавноста, носење или не на регуларна униформа или костим, степен на ранливост или на чувствителност на корисниците како што се учениците или пациентите).“
Сепак, тој предложил да не се влегува во еден таков пристап укажувајќи дека конечно не било можно да се попушти во однос на обврската за неутралност на државните службеници:
„Од принципиелни причини најпрво. Државниот службеник, го сакал тоа или не, но исто така, донекаде затоа што тоа го сакал, и припаѓа првенствено на јавната сфера, која пред се има за задача да биде во служба на општиот интерес и еднакво да постапува со сите корисници. Како што тоа го наведе комесарот на владата Реми Шварц, неутралноста на службата е „обмислена првенствено за корисниците; токму во името на почитувањето на нивните убедувања државата е неутрална за да се овозможи нивно целосно изразување“; оваа социјална функција го оправдува тоа дека поединецот што јавниот службеник и понатаму го претставува, се брише зад претставникот на јавната власт, зад државниот службеник кој има мисија на јавна служба. Ако концептот на јавна служба може навистина, во иднина, да се развива во правец на потесно поле за примена, на крајот се чини дека не е можно да се попушти во однос на несводливите принципи кои ја сочинуват токму неговата специфичност, и особено не може да се попушти во однос на потчинувањето на нејзините службеници, преку статутот, на една деонтологија, етика.
Ние нема да инсистираме повеќе, освен тоа, на веќе наведената загриженост во однос на постепеното нагризување под влијание на комунитаризмите, на она што ја сочинува конзистентноста на социјалното ткиво која се карактеризира со приклонување кон универзални вредности гарантирани од државата.
Покрај тоа, заклучоците на Реми Шварц (Rémy Schwartz) истакнуваат, исто така, колку би било неостварливо решението што би се разликувало според видот на должностите и степенот на зрелост на засегнатите лица, заради разновидноста па и променливоста во времето на можните ситуации; освен тоа, не е јасно, зошто слободата на совеста на еден службеник би го оправдала, преку претераното барање за остварување на неговите верски убедувања во текот на службата, повредувањето на слободата на совеста што, исто така, ја уживаат неговите колеги од работа: она што е во интерес на службата може така да го оправда и тоа дека, дури и во отсуство на директен контакт со корисниците, слободата на изразување на убедувањата на еден службеник е ограничена. (...)
Реафирмирањето на принципот на апсолутна неутралност на службата води до непходното дисциплинирање на какво и да е отстапување кое се смета само по себе како дисциплински прекршок: поаѓајќи од оваа согледување, ништо не го спречува дисциплинскиот орган согласно истите услови од мислењето Dlle Marteaux, да ги оцени јасно случаите и да ги земе во предвид посебните околности за, откако било прекинато несоодветното однесување, да се проценат неговите последици, вклучувајќи го несомнено во оваа оценка, степенот на послушност или напротив на непопустливост на службеникот, кога тој бил повикан да ја испочитува неутралноста на службата. (...)“
III. СПОРЕДБЕНО ПРАВО
32. Во пресудата Eweida et autres c. Велика Британија (бр. 48420/10, 59842/10, 51671/10 и 36516/10, § 47, ЕСЧП 2013 (извадоци)), Судот укажал дека било очигледно од анализата на законодавствотои на праксата на дваесет и шест земји-членки на Советот на Европа дека:
„(...) во најголем број на случаи, носењето на облека или на верски симболи на работното место не е регулирано. Во три држави, имено, Украина, Турција и Швајцарија (за некои кантони), носењето на облека или на симболи од овој вид им се забранува на државните службеници и на другите вработени во јавниот сектор, но е дозволено во принцип за вработените во приватниот сектор. Во пет држави - Германија, Белгија, Данска, Франција и Холандија - домашните судови експлицитно го признаа, барем во принцип, правото за секој работодавач да наметне одредени ограничувања за носењето на религиозни симболи од страна на вработените; меѓутоа, во овие земји нема ниту еден закон или пропис кој дозволува работодавачот да го стори тоа. Во Германија и Франција, строго им е забрането на државните службеници и на државните службеници да носат верски симболи, додека во другите три земји, системот е пофлексибилен. Никаде не е дозволена целосна забрана за носењето од страна на вработените во приватниот сектор на облека или на верски симболи на работното место. Спротивно на тоа, во Франција, таквата забрана е изрично исклучена со закон. Според францускиот закон, за ограничување на овој тип да биде легално, тоа мора да има легитимна цел, држејќи до почитувањето на санитарните стандарди, заштитата на здравјето и моралот, и до кредибилитетот на имиџот на работодавачот во очите на клиентот, како и да го задоволи критериумот на пропорционалност. “
33. Неодамна, со пресуда од 27 јануари 2015 година, Германскиот уставен суд утврдил дека општа забрана за носењето марама од страна на наставниците во јавните училишта била неуставна, освен доколку тоа претставува доволно конкретна опасност за неутралноста на државата или за мирот на училиштето (1 BvR 471/10, 1 BvR 1181-1110).
ПРАВО
I. ЗА НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 9 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
34. Жалителката тврди дека непродолжувањето на нејзиниот договор како социјална работничка е во спротивност со правото на слобода на изразување на религијата како што е предвидено со членот 9 од Конвенцијата, кој гласи:
„1. Секој има право на слобода на уверување, совест и религија, вклучувајќи го и правото на промена на религијата или уверувањето: и слободата да сам или во група, во јавност или приватно, ја изрази својата религија или убедување, преку почитување, поучување, богослужба и обред.
2. Слободата на изразување на религијата или убедувањето може да се ограничи само со закон и доколку е тоа неоходно во едно демократско општество во интерес на националната безбедност,
јавната сигурност, здравјето или моралот или за заштита на правата и слободите на другите.“
А. За допуштеноста
35. Судот забележува дека жалбата не е очигледно неоснована во смисла на членот 35 § 3 а) од Конвенцијата. Судот понатаму забележува дека нема причина за таа да биде прогласена за недопуштена. Оттука, таа мора да биде прогласена за допуштена.
Б. За основаноста
1. Тезите на страните
а) Жалителката
36. Жалителката тврди дека, на денот на 11 декември 2000 година, ниту еден закон изрично не му забранувал на јавен службеник, без разлика дали бил избран на неопределено време или на договор, да носи верски симбол при вршењето на службата. Мислењето на Државниот совет од 3 мај 2000 година (став 26 погоре) на кое се повикува Владата се однесувало само на службите од областа на јавното образование и циркуларот од 2005 г. во врска со секуларизмот во болница (видете став 30 погоре) не бил се уште објавен. Таа смета дека, напротив, на таа дата, слободата на изразување на својата вера, вклучително и за јавен службеник, не била предмет на посебни ограничувања. Споре неа, применливиот закон бил формулиран во мислењето на Државниот совет од 27 ноември 1989 година за компатибилноста на носењето на симболи на припадност кон една верска заедница во училишните установи; во ова мислење, Државниот совет се согласил дека принципот на неутралност во никој случај не е поткопан од самото носење на верски симбол, штом неговиот носител не може да биде обвинет за прозелитизам (мислењето е целосно наведено во случајот Dogru цитиран погоре, § 26). Таа, оттука, заклучува дека мешањето не е пропишано со „закон“ во рамките на значењето на Конвенцијата.
37. Жалителката, понатаму, смета дека спорното мешање нема легитимна цел, со оглед на тоа дека никаков инцидент или проблем не се случил при вршењето на нејзините работни обврски во CASH. Таа заклучува од судската пракса на Судот дека држава може да ја ограничи слободата на изразување на религија, на пример носењето на исламска шамија, ако користењето на таа слобода и наштетува на бараната цел на заштита на правата и слободата на другите, на јавниот ред и безбедност (Leyla Şahin c. Turquie [ГС], бр. 44774/98, § 111, ЕСЧП 2005‑XI ; Refah Partisi (Parti de la prospérité) et autres c. Turquie [ГС], бр. 41340/98, 41342/98, 41343/98 и 41344/98, § 92, ЕСЧП 2003‑II).
38. За останатото, жалителката наведува дека таа носи едноставна покривка на главата, која е сосема банална, наменета да и ја скрие косата и која не влијае, сама по себе, на неутралноста на јавната служба. Таа тврди дека носењето на оваа покривка не предизвикало никаква закана за безбедноста и јавниот ред, ниту какви било проблеми во нејзината служба, со оглед на тоа дека тоа не претставувало чин на прозелитизам, којшто подразбира однесување чија цел е да се привлечат приврзаници кон дадена вера. Според жалителката, само носењето на целосна облека како што се бурката или никабот треба да се гледа како знак на општествен сепаратизам и симбол на одбивање на интегрирање, и да може да биде предмет на посебна забрана .
39. Жалителката наведува дека таа можела да ја носи својата покривка за глава се до промената на работно место во управата на установата и дека никогаш пред промената не и била упатена ниту една забелешка, ниту од страна на болничкиот персонал ниту од самите пациенти. Таа обезбедува неколку потврди кои датираат од декември 2000 година напишани од страна на лекари од психијатрискиот оддел кои ги фалат нејзините професионални квалитети. Таа смета дека Владата не ги поткрепува проблемите во службата што ги наведува и тврди дека необновувањето на нејзиниот договор било мотивирано само од нејзината припадност на муслиманската религија и дека било непропорционално во едно демократско општество.
40. Жалителката нагласува во врска со ова дека Франција е изолирана. Таа нагласува дека, во повеќето европски земји, носење на верски симбол, како што е марамата, од страна на студенти или од јавни службеници не е предмет на посебни мерки на забрана. Во однос на првите, таа нагласува дека францускиот закон од 15 март 2004 година (Dogru, цитирана погоре, § 30), неприменлива во овој случај, со која се регулира носењето на симболи или облека изразувајќи верска припадност во училиштата, колеџите и јавните средни училишта, наишол на општо неразбирање. Што се однесува на јавните службеници, ним им е дозволено да носат шамија во многу земји: Данска, Шведска, Шпанија, Италија, Грција и Велика Британија. Жалителката се задржува на состојбата на последнава земја во која е дозволено носењето на исламска шамија во училиштата и во јавните служби, како и носењето на верски покривки за глава што се однесува на полицијата, војниците, моторциклистите и градежните работници. На крајот, жалителот смета дека е корисно да се потсетиме дека христијанските верски симболи во јавните простори се толерираат (крстовите во училниците, судовите и администрациите) во Италија, Ирска и Австрија, како и нехристијански симболи.
б) Владата
41. Владата смета дека спорното вмешување било „пропишано со закон“, бидејќи домашното право, во времето на случувањата, јасно го појаснува принципот на строга неутралност на сите јавни службеници ккао и санкциите на кои тие се изложуваат во случај на непочитување на овој принцип. „Законот“ во прашање, како што е дефинирано во судската пракса на Судот, го вклучува најпрво законот од 1905 со кој била утврдена неутралноста на државата во однос на религиите и членот 1 од Уставот кој го потврдува принципот на еднаквост пред законот за сите граѓани (став 21 погоре). Тој, исто така, го вклучува законот од 13 јули 1983 година во врска со правата и обврските на државните службеници кој предвидува во членот 29 дека секој прекршок починет од страна на службено лице при вршењето или по повод на неговите работни должности подлежи на дисциплинска постапка. Покрај тоа, како судската пракса на управните судови веќе повеќе од половина век (видете став 26 погоре), така и онаа на Уставниот Совет (став 25 погоре), потсетуваат на обврската на неутралност на јавните службеници при вршењето на нивните должности. Државниот совет, во своето мислење од 3 мај 2000 година, објавено во Службениот весник на Република Франција, потсетил на претходно постоечкиот општ принцип којшто е принципот на неутралност за да го испита во однос на случајот кој бил доставен до него.
42. Владата додава дека жалителката слободно пристапила кон статусот на јавен болнички службеник и неговите обврски, статус кој ја претполага обврската за неутралност на секој службеник во вршењето на своите работни обврски, кога таа ги склучила различните договори што ја врзувале со CASH. Таа не можела да ги игнорира овие правила, со оглед на потсетувањата на нејзините обврски, од страна на директорката за човечки ресурси на 30 ноември 2000 година, и претходно, од страна на службеник од социо-образовниот сектор на установата во текот на разговор организиран по жалбите на страна на некои пациенти кои одбивале да се сретнат со неа поради нејзината облека.
43. Според Владата, забраната јавен службеник да ги изразува своите верски убедувања е оправдана со заштитата на уставното начело на секуларизмот околу кое е основана Француската Република. Како што тоа веќе го кажа Судот, неутралноста наметната од страна на државата на своите државни службеници така има легитимна цел на заштита на правата и слободите на другите (Dahlab наведена погоре).
44. Владата тврди дека необновувањето на договорот на жалителката било неопходно во едно демократско општество. Принципот на неутралност на јавните служби бара агентот да не може да носи каков и да е верски симбол, дури и тој да не врши каков и да е прозелитизам. Таа се повикува во овој поглед на судската пракса на Судот во однос на припадниците на јавната служба во врска со нивната должност за воздржаност и со нивната облека (Vogt c. Allemagne, 26 септември 1995, § 53, серија A бр. 323 ; Kurtulmuş c. Turquie (одл.), бр 65500/01, ЕСЧП 2006‑II). Таа го истакна посебното значење на принципот на неутралност во околностите на случајот каде што е тешко да се процени влијанието што едно особено видливо надворешно обележје може да го има врз слободата на совеста на кревки пациенти лесно подложни на влијание. Владата додаде дека некои пациенти изрично одбиле да се сретнат со жалителката и дека таа ситуација создала општа атмосфера на тензија и на тешкотии во рамките на одделот, што довело до тоа да нејзините колеги, и некои социјални работници, да мора да се правуваат со деликатни ситуации. Токму во однос на оваа општа атмосфера CASH ја донел спорната одлука, откако, во повеќе наврати, претходно ја потсетил жалителката на обврската за неутралност, а не заради компетенциите на истата, кои секогаш и биле уважени. Владата смета дека оспорената одлука била во согласност со барањето за балансирање на интересите во игра; таа е последица на одбивањето на жалителката да се усогласи со правилата што важат за сите јавни службеници и за кои таа била целосно информирана, а не, како што тврди, поради нејзините верски убедувања. Конечно, ако носењето на верскиот симбол од страна на жалителката било прифатено од страна на болницата се до 2000 година, тоа не го лишувало оспореното мешање од неопходност според Владата. Таа потсетува дека „помалку строгата примена на постоечко правило врз основа на даден контекст не го прави истото неоправдано и помалку правно обврзувачко“ (Kurtulmuş c. Turquie (одл.), бр. 65500/01, ЕСЧП 2006‑II).
45. Конечно, Владата тврди дека мерката се чини пропорционална со бараната цел. Таа истакнува дека во францускиот закон, не постои право за јавен службеник кој е вработен со договор на определено време на обновување на договорот. Јавната власт слободно ја оценува можноста за обнова на договорот и одбивањето тој да се обнови може единствено да се оправда со начинот на работење на службеникот или на интересот на службата Во овој случај, и како што е наведено од страна на националните судови, одлуката за необновување била донесена во интерес на службата, и оваа одлуката не е очигледно непропорционална. Владата заклучи дека мешањето било оправдано во принцип и пропорционално на бараната цел.
2. Оценка на Судот
46.Прелиминарно, Судот забележува дека CASH секогаш го користел зборот покривка за главата за ја означи облеката на жалителката. Последнава доставила до Судот фотографија на која таа била опкружена од своите колеги од работа и на која таа носи покривката за глава која и ги покрива косата, задниот дел од вратот и ушите, а лицето и е сосема откриено. Оваа покривка за глава која наликува на марама или на исламска шамија била опишана од страна на националните судови кои требало да се произнесат за спорот околу носењето марама, и токму овој последен назив Судот ќе го користи за разгледување на жалбата на жалителката.
а). За постоењето на мешање
47. Судот забележува дека необновувањето на договорот на жалителката е мотивирано од нејзиното одбивање да ја извади својата марама која, иако тоа не било назначено од страна на администрацијата, била неприкосновено израз на нејзината припадност на муслиманската религија. Судот нема причина да се сомнева дека забрадувањето претставувало „изразување“ на едно искрена верско убедување заштитено со членот 9 од Конвенцијата (mutatis mutandis, Leyla Şahin, претходно наведена, § 78 ; Bayatyan c. Arménie [ГС], бр. 23459/03, § 111, ЕСЧП 2011 ; Eweida et autres, претходно наведена, §§ 82, 89 et 97). Државата е онаа на која треба да и се импутира, како работодавец на жалителката, одлуката за необновување на нејзиниот договор и како и за поведување дисциплинска постапка против неа. Затоа, оваа мерка треба да се смета за мешање во нејзиното право на слобода на изразување на религијата или верување како што е загарантирано со член 9 од Конвенцијата (Eweida et autres, претходно наведена, §§ 83, 84 et 97).
б) За оправданоста на мешањето
i. Пропишано со закон
48. Зборовите „пропишано со закон“ бараат прво оспорената мерка да има некоја основа во домашното право, но, исто така, се однесуваат на квалитетот на законот за кој станува збор: тие бараат достапност на истиот за засегнатото лице , кое мора, згора на тоа, да биде во можност да ги предвиди неговите последици, и неговата усогласеност со владеењето на правото. Овој израз значи особено дека домашното законодавство мора да биде доволно јасно во однос за да им укаже на сите на доволно јасен начин во какви околности и под кои услови тоа ги овластува јавните органи да прибегнат кон мерки кои влијаат на нивните права заштитени со Конвенцијата. Според воспоставената судска пракса на Судот, поимот на „закон“ мора да се сфати во неговото „суштинско“ значење, а не „формално“. Оттука, тој го вклучува пишаниот закон, вклучувајќи ги и текстови од понизок ранг, како и судската практика што го толкува (Fernández Martínezc. Шпанија [ГС] бр. 56030/07, § 117, ЕСЧП 2014 (извадоци); Dogru, цитирана погоре, § 52).
49. Во конкретниот случај, жалителката го истакнува непостоењето на текстови во францускиот закон, на 11 декември 2000 година, кои би го забранувале носење на верски симболи. Таа смета дека мислењето на Државниот совет од 3 мај 2000 г. се однесувало само на наставниците и дека единствено она од 27 ноември од 1989 г. за носењето на верски симболи во училишните установи го сочинувало применливиот „закон“ (став 36 погоре). Судот забележа дека ова последно мислење се однесува само на признаеното право на учениците да ги искажат своите верски убедувања и не се однесуваат на ситуацијата на вработените во јавните служби.
50. Судот констатира дека членот 1 од францускиот устав предвидува дека Франција е секуларна република, која ја гарантира еднаквоста пред законот за сите граѓани. Тој смета дека, во законот на тужената држава, оваа уставна одредба го воспоставува темелот на должноста на неутралност и непристрасност на државата во однос на сите религиозни верувања или на начините на изразување на истите и дека таа се толкува и чита заедно со начинот на нејзина примена од страна на националните судови. Во оваа смисла, Судот забележува дека од управното право произлегува дека неутралноста на јавните служби претставува елемент на секуларизмот на државата и дека, уште од 1950 година, Државниот совет ја потврдил „обврската за строга неутралност која се однесува на секој службеник“, особено во наставно-образованата дејност (ставови 26 и 27‑погоре). Тој, исто така, забележува дека Уставниот совет нагласил дека принципот на неутралност, чија последица е еднаквоста, претставува основен принцип на јавната служба (видете став 25 погоре). Судот оттука заклучува дека судската пракса на Државниот совет и на Уставниот Совет претставуваат доволно сериозна правна основа која им овозможува на националните органи да ги ограничат верските слободи на жалителката.
51. Сепак, Судот признава дека содржината на обврската за неутралност која е на тој начин потврдена, дури и да била наменета да ја предупреди жалителката, не содржела напомена или примена која експлицитно се повикувала на нејзината професија. Според тоа, тој прифаќа дека, кога почнала со работа, жалителката не можела да предвиди дека изразувањето на нејзините верски убедувања ќе биле предмет на ограничувања. Сепак, тој смета дека од објавувањето на мислењето на Државниот совет од 3 мај 2000 г., објавено повеќе од шест месеци пред одлуката да не се обнови нејзиниот договор, и за чии услови таа е потсетена од страна на администрацијата (став 8 погоре), овие ограничувања биле искажани доволно јасно за таа да предвиди дека одбивањето да ја симне својата шамија ја изложувало на дисциплинска постапка. Овамислење,иако конкретно одговорало на прашање во однос на јавната образована служба,навистина покажува декапринципот на секуларност на државата и на неутралност на јавните служби се однесуваат на сите јавни служби. Тој нагласува дека службеникот треба да ја ужива слободата на совеста, но дека оваа слобода мора да се усогласи, од аспект на нејзиното изразување, со принципот на неутралност на службата, што го попречува носењето на симбол наменет за одбележување на верска припадност. Исто така, во случај на повреда на обврската за неутралност, тој појаснува дека дисциплинските мерки кои треба да се преземат треба да бидат оценети од случај до случај, во зависност од конкретните околности (видете став 26 погоре). Така, Судот забележува дека мислењето од 3 мај 2000 г. јасно ги утврдува условите на барањето за верска неутралност на јавните службеници во извршувањето на своите должности во однос на принципите на секуларизам и неутралност, и го задоволува барањето за предвидливост и пристапност на „законот“ во значењето на судската пракса на Судот. Според тоа, оспорената мерка е пропишана со закон во смисла на ставот 2 од членот 9.
ii. Легитимна цел
52.За разлика од странките во случајот Leyla Sahin цитиран погоре (§ 99), жалителката и Владата не се согласуваат околу целта на оспореното ограничување. Владата укажува на легитимната цел за заштита на правата и слободите на другите лица што е вклучена во уставниот принцип на секуларизмот додека жалителката негира каков и да е инцидент при извршувањето на нејзините обврски кој би можел да го оправда мешањето во нејзиното право на слобода за изразување на нејзините верски убедувања.
53.Со оглед на околностите на случајот и на причината за да не се обнови договорот на жалителката, односно барањето за верска неутралност во контекстот на ранливост на корисниците на јавната служба, Судот смета дека оспореното мешање во најголема мера се стремело кон легитимната цел на заштитата на правата и слободите на другите (mutatis mutandis, Leyla Şahin, цитирана погоре, §§ 99 и 116; Kurtulmuş цитирана погоре; Ahmet Arslan et autres c. Turquie, бр.41135/98, § 43, 23 февруари 2010). Во овој случај се работело за тоа да се зачува почитувањето на сите верски убедувања и духовните ориентации на пациентите, корисниците на јавните услуги и крајни корисници на барањето за неутралност наметнато на жалителката, обезбедувајќи им строга еднаквост. Целта била, исто така, да се обезбеди овие корисници да уживаат еднаков третман без оглед на религијата. Судот потсетува во овој поглед дека тој сметал дека работодавачка политика која се состоела во промовирање на еднаквите можности или во избегнување на какво и да е дискриминаторско однесување кон другите имала за легитимна цел заштита на правата на другите (mutatis mutandis, случаите Ladele et McFarlane, во Eweida et autres претходно наведена, §§ 105, 106 et 109). Тој исто така потсетува дека заштитата на принципот на секуларизмот претставува цел во согласност со основните вредности на Конвенцијата (Leyla Şahin, цитирана погоре, § 114). Во овие околности, Судот смета дека забраната за жалителката да ги изрази своите верски убедувања во вршењето на своите должности имала за цел да ги заштити „правата и слободите на другите“ и дека ова ограничување не морало нужно да биде дополнително мотивирано со ограничувања од „јавната безбедност“ или од „заштитата на редот“ кои се содржани во вториот став од член 9 од Конвенцијата.
III. Неопходно во едно демократско општество
α. Општи принципи
54. Што се однесува до општите принципи, Судот упатува на пресудата Leyla Şahin цитирана погоре (§§ 104-111) во која тој потсетил дека ако слободата на совеста и религијата е еден од темелите на „демократското општество“ (§ 104; видете, исто така, и за општите принципи, Kokkinakis c. Грција25 мај 1993 година, § 31, Серија А бр 260‑А) членот 9 од Конвенцијата, сепак, не го штити меѓутоа секој чин кој е мотивиран или инспириран од некоја религија или убедување. Во едно демократско општество, каде што неколку религии коегзистираат кај истата популација, може да биде потребно да се придружи слободата на изразување на религијата или верувањата со ограничувања заради усогласување на интересите на различните групи и обезбедување почитување на верувањата на секој. Ова произлегува истовремено од ставот 2 на член 9 и од позитивните обврски на државата според членот 1 од Конвенцијата во однос да им ги признае на сите лица под нејзина надлежност правата и слободите утврдени во Конвенцијата (член 106).
55. Во таа пресуда, Судот исто така потсетил дека; во многу прилики, тој ја истакнал улогата на државата како неутрален и непристрасен организатор на остварувањето на правото на различните религии, вероисповеди и уверувања, и навел дека таа улога помага да се обезбеди јавниот ред, верскиот мир и толеранцијата во едно демократско општество. Така, обврската на неутралност и непристрасност на државата е неспојлива со некакво овластување за оценка од нејзина страна на легитимноста на верските убедувања или на модалитетите на нивно изразување, и тој смета дека оваа обврска бара од државата таа да се осигура дека спротиставените групи се толерираат меѓусобно. Затоа, улогата на властите во овој случај не е да се отстрани причината на тензииите со елиминирање на плурализмот, туку да се осигураат дека меѓусебно спротиставени групи се толерираат едни со други (§ 107).
56. Покрај тоа, кога станува збор за прашања во врска со односите меѓу државата и религиите, за кои може разумно да постојат длабоки разлики во едно демократско општество, потребно е да се даде посебно значење на улогата на национален одлучувач. Судот истакна дека тоа било случај кога станува збор за регулирањето на носењето на верски симболи во наставно-образоцните сутанови, дотолку повеќе што постои разновидност на националните пристапи кон ова прашање. Што се однесува особено на случајот Dahlab наведен погоре, Судот изјавил дека не било можно да се увиди низ Европа униформно сфаќање на значењето на религијата во општеството и дека значењето или влијанието на дејствата на јавно изразување на религиозно верување не биле исти во зависност од епохите и контекстите. Тој забележа дека регулативата во оваа област може да се разликува од една до друга земја во зависност од националните традиции и барањата предвидени од заштитата на правата и слободите на другите и одржувањето на јавниот ред. Тoj од ова заклучил дека изборот што се однесува до обемот и модалитетите на ваквата регулатива мора, по силата на нештата, да и биде, до одреден степен, оставен на засегната државата, бидејќи тој зависи од засегнатиот домашен контекст (Leyla Şahin претходно наведена, § 109).
57. Во случајот Kurtulmuş наведен погоре, во врска со забраната за една учителка на Универзитетот во Истанбул да носи исламска шамија, Судот нагласил дека принципите утврдени во ставот 51 погоре се применуваат и на членовите на јавната служба: „И покрај тоа што е легитимно за државата да ги подложи последниве, со оглед на нивниот статус, на обврска за дискреција во јавното изразување на нивните верски убедувања, сепак тие се поединци кои, како такви, ја уживаат заштитата на членот 9 од Конвенцијата. Тој укажал по тој повод, упатувајќи на случаите Leyla Şahin и Dahlab претходно наведени, дека „во едно демократско општество, државата може да го ограничи носењето на исламската шамии доколку тоа ја поткопува саканата цел на заштита на правата и слободите на другите и на редот“. Применувајќи ги овие принципи, Судот забележал дека „правилата во врска со облеката на службениците подеднакво се наметнуваат на сите службеници, без оглед на нивните работни должности и нивните верски убедувања. Тоа подразбира секој државен службеник, претставник на државата во вршењето на своите функции, да има неутрален изглед со цел да се зачува принципот на секуларноста и неутралноста на јавната служба што од ова произлегува. Според овие правила, државниот службеник мора да биде гологлав на неговото работно место“ (Kurtulmuş, претходно наведена). Тој се согласи дека, со оглед на значењето на принципот на секуларизмот, основач на турската држава, дека „забраната за забрадување било оправдано со императивите во врска со принципите на неутралност на јавната служба“ и потсети во овој поглед, повикувајќи се на пресудата Vogt c. Германија цитирана погоре, дека тој „се согласил во минатото една демократска држава да може да има право да бара од своите државни службеници да бидат лојални на уставните принципи на кои се заснова таа.“
58. Сепак, во контекст на јавната настава, Судот ја истакнал важноста на почитувањето на неутралноста на државата во рамките на наставната дејност во јавните основни училишта, каде што децата од рана возраст можат лесно да подпаднат под влијание (Dahlab, наведена погоре).
59. Неодамна, во неколку случаи во врска со верската слобода на работното место, Судот изјавил дека „со оглед на важноста на верската слобода во едно демократско општество, Судот смета дека, штом жалбен навод произлегува од ограничување на оваа слобода на работното место, наместо да се каже дека можноста за менување на работно место би оневозможило секакво мешање во остварувањето на правото во прашање, подобро е да се процени оваа можност помеѓу сите околности кои се вагаат кога се испитува пропорционалноста на ограничувањето“ (Eweida et autres, цитирана погоре, § 83).
β. Примена во конкретниот случај
60. Судот уште на почетокот забележува дека, и покрај принципот на неутралност на јавните служби, администрацијата ја известила жалителката за причините заради кои овие овој принцип ја оправдувал специфичната примена во однос на социјална работничка во психијатриската болничка служба. Администрацијата ги беше идентификувала проблемите што нејзиниот став ги предизвикувал во рамките на засегната служба и се обидела да ја поттикне да се откаже од своите религиозни уверувања (став 8 погоре).
61. Судот забележува дека националните судови го валидирале необновувањето на договорот на жалителката наведувајќи експлицитно дека принципот на неутралност на службениците се однесува на сите јавни служби, а не само на наставно образовната служба, и дека има за цел да ги заштити корисниците од каков и да е ризик на влијание или повреда на нивната сопствена слобода на совеста. Управниот суд, во пресудата од 17 октомври 2002 година, дал тежина на кревкоста на овие корисници и сметал дека барањето за неутралност наметнато на жалителката било уште повеќе задолжително со оглед на тоа дека таа била во контакт со пациенти во состојба на ранливост или зависност (став 11 погоре).
62. Судот понатаму забележува дека на жалителката не и било префрлено дека вршела притисок, провокација или прозелитизам во однос на пациентите или колегите во болницата. Носење на марамата сепак, се сметало за нападно изразување на нејзината религија кое било неспојливо со неутралноста на просторот што ја бара јавната служба. Тогаш било одлучено да не се продолжи нејзиниот договор и да се поведе дисциплинска постапка против неа поради нејзината упорност да ја носи марамата за време на службата.
63. Toкму принципот на секуларизмот, како што е дефинирано во членot 1 на францускиот устав, и со принципот на неутралност на јавните служби кој од него произлегува, биле употребени ккао аргумент против жалителката ,поради потребата да се обезбеди еднаков третман на корисниците на јавната установа каде што таа работела и која барала, какви и да може да бидат нејзините религиозни верувања или полот, таа да се потчинува на строгата обврска на неутралност при вршењето на своите должности. Станувало збор, според националните судови, да се обезбеди неутралноста на државата со цел да се гарантира секуларната природа и со тоа да се заштитат корисниците на службата, пациентите на болницата, од каков и да е ризик на влијание или пристрасност, во име на нивното право на слобода на совеста (ставови 11, 16 и 25; видете ја, исто така, формулацијата подоцна употребена во циркуларот за секуларизмот во здравствените установи, став 30 погоре ) Така, од предметот јасно произлегува дека токму императивот на заштитата на правата и слободите на другите, односно почитувањето на слободата на религија на сите биле во основа на спорната одлука, а не нејзините верски уверувања.
64. Судот веќе одобрил државите да можат да се повикуваат на принципите на секуларноста неутралноста на државата за да ги оправдаат ограничувањата на носењето на верски симболи од стана на државни службеници, особено од страна на наставниците кои работат во јавни установи (став 57 погоре). Нивниот статус на јавен службеник е оној кој ги разликува од обичните граѓани „кои не се во ниту еден случај претставници на државата кои вршат јавна функција“, и кои не се „подложени, заради некаков официјален статус, на обврската на воздржаност во јавното изразување на нивните верски убедувања“ (Ahmet Arslan et autres c. Turquie, бр.41135/98, § 48, 23 февруари 2010) која бара од нив, во однос на учениците, верска неутралност. Исто така, Судот може да прифати во околностите на овој случај дека државата која ја вработува жалителката во државна болница, каде што таа е во контакт со пациентите, смета дека е неопходно таа да не ги изразува своите верски убедувања во вршењето на своите функции за да се обезбеди еднаков третман на болните. Во овој дух, може да се смета дека неутралноста на болничката јавна служба е врзана со однесувањето на нејзините службеници и со условот пациентите да не може да се сомневаат во нивната непристрасност.
65. Оттука, на Судот му останува да провери дека мешањето е пропорционално на таа цел. Што се однесува на просторот за слободна проценка што и се признава на државата во конкретниот случај, Судот забележува дека мнозинство на држави членки од Советот на Европа не го регулира носењето на верски облека или симболи на работното место, вклучително и за државните службеници (став 32 погоре) и дека само пет држави (од дваесет и‑шест) вклучувајќи ја и Франција се наведени како целосно забранувајќи го носењето на верски симболи во однос на истите. Сепак, како што беше истакнато (став 56 погоре), треба да се земе предвид националниот контекст на односите меѓу државата и црквата, кој се развива со текот на времето, со промените во општеството. Така, Судот забележува дека Франција извршила помирување помеѓу принципот на неутралност на јавната власт и верската слобода, одредувајќи ја на тој начин рамнотежата што мора да ја обезбеди државата помеѓу конкурентни приватни и јавни интереси или различни права заштитени со Конвенцијата (став 21 до 28 погоре), оставајќи и притоа на тужената Влада широк простор за слободна проценка (Leyla Şahin претходно наведена , § 109; Obst c. Allemagne, бр. 425/03, § 42, 23 септември 2010). Понатаму, Судот веќе укажал дека болницата подразбира широк простор за слободна проценка, со оглед на тоа дека раководителите на болницата се подобро пласирани за да донесуваат одлуки за нивната установа од судијата, или од меѓународен суд“ (Eweida et autres, цитирана погоре, § 99).
66. Главното прашање во овој случај е дали државата го надминала својот простор за слободна проценка со одлуката да не го обнови договорот на жалителката. Во оваа смисла, Судот забележува дека во Франција, вработените во јавната служба го уживаат правото на почитување на слободата на совеста кое забранува особено каква и да е дискриминација врз основа на верата во пристапот до службата или во одвивањето на кариерата. Оваа слобода е особено гарантирана со членот 6 од Законот од 13 јули 1983 година за правата и обврските на државните службеници и мора да се помири со оперативните барања на функционирањето на службата (видете став 25 погоре).Сепак, ним им е забрането да ги изразуваат своите верски убедувања во вршењето на нивните должности (ставови 25 и 26 погоре). Во мислењето од 3 мај 2000 споменато погоре јасно се вели дека слободата на совеста на службениците мора да се усогласи, исклучиво од аспект на нејзиното изразување, со обврската за неутралност. Судот повторува дека таквото ограничување потекнува од принципот на секуларноста на државата, кој, според Државниот совет, „ги вклучува односите меѓу јавните служби и поединците“ (став 28 погоре), и од оној на неутралноста на јавните служби, последица на принципот на еднаквост кој го раководи функционирањето на овие служби и го има цел почитувањето на сите уверувања.
67. Меѓутоа, Судот укажува дека тој веќе одобрил стриктна примена на принципите на секуларизам (кој секуларизам отсега е дел од правата и слободите гарантирани со Уставот, став 24 погоре) и на неутралност кога станува збор за основачки принцип на државата, како што е случајот на Франција (mutatis mutandis, Kurtulmuş и Dalhab претходно наведени). Принципот на секуларизам-неутралност го претставува изразот на правило на организација на односите на државата со вероисповедите, кое ја подразбира непристрасноста на истата кон сите религиозни верувања во почитувањето на плурализмот и разновидноста. Судот смета дека фактот што националните судови дале поголема тежина на овој принцип и на интересот на државата отколку на интересот на жалителката да не го ограничи на изразувањето на своите верски убедувања не претставува проблем во однос на Конвенцијата (ставови 54 и 55 погоре‑погоре).
68. Тој забележува во овој поглед дека обврската на неутралност се однесува на сите јавни служби, како што на тоа во повеќе наврати потсетил Државниот совет и Врховниот суд неодамна (ставови 26 и 27 погоре), и дека носењето на обележје на верска припадност од страна на службениците во вршењето на нивните функции претставува, во принцип, прекршување на нивните обврски (став 25 и 26 погоре). Така, од ниту еден текст нити одлука на Државниот совет не произлегува дека спорната обврска за неутралност би можела да се модулира во зависност од службениците и должностите кои тие ги вршат (ставови 26 и 31 погоре). Судот е свесен дека се работи за строга обврска која потекнува од традиционалниот однос што го имаат секуларизмот на државата и слободата на совеста, онака како што е наведено во членот 1 од Уставот (став 21 погоре). Според францускиот модел, што Судот е нaдлeжен да го оценува како таков, неутралноста на државата им се наметнува на службениците кои ја претставуваат.Сепак, Судот смета дека управниот судија е оној кој е задолжен да осигура дека администрацијата не направила диспропорционално мешање во слободата на совеста на јавните службеници кога се работи за неутралноста на државата (ставови 26 и 28 погоре ).
69. Во овој контекст, Судот забележува дека дисциплинските последици од одбивањето на жалителката да ја симне марамата за време на службата биле оценети од страна на администрацијата „со оглед на природата и нападноста на симболот, како и на други околности (став 26 погоре).“ Администрацијата корисно истакнала во овој поглед дека условот на бараната неутралност претставувал императив со оглед на контактите што таа ги имала со пациенти (видете став 13 погоре). Таа, исто така, не наведувајќи доволни објаснувања, напоменала одредени тешкотии во службата (став 8 погоре). Надлежните национални судии, од своја страна, во најголема мера го нагласиле францускиот концепт на јавната служба и нападноста на марамата за да одлучат дека немало претерано мешање во верските слободи на жалителката. Така, доколку носењето на верски симбол од страна на жалителката претставувало повреда на нејзината обврска за неутралност, влијанието на оваа облека во вршењето на службената должност било земено во предвид при оценувањето на сериозноста на повредата на работните обврски и одлуката да не се обнови својот договор. Судот забележува дека членот 29 од Законот од 13 јули 1983 година не дава дефиниција на повредата на работните обврски (види став 41 погоре) и дека администрацијата има дискреционо право за ова прашање. Тој забележува дека последнава собрала сведоштва за да располага со доволно докази за да покрене дисциплинска постапка против жалителката (став 8‑погоре). Управниот судија, од друга страна, не ја цензурирал санкцијата на необновување на договорот, сметајќи дека е пропорционална на повредата, со оглед на обврската на неутралност на јавните службеници. Судот смета дека националните власти се во најдобра позиција за да ја проценат пропорционалноста на санкцијата, која мора да се утврди во однос на сите околности во кои била утврдена повреда, со цел да се испочитува членот 9 од Конвенцијата.
70. Судот забележува дека жалителката, за која било важно да ја изрази својата религија со видливо носење на марама поради нејзините верски убедувања, се изложувала на тешката последица на дисциплинска постапка. Меѓутоа, не постои сомнеж дека, по објавувањето на мислењето на Државниот совет од 3 мај 2000 година, таа знаела дека била должна да се усогласи со обврската за неутралност во облекувањето при вршењето на нејзините должности (ставови 26 и 51 погоре). Администрацијата ја потсетила на тоа и побарала од неа да го преиспита своето носење марама. Поради нејзиното одбивање да ја испочитува обврската жалителката била официјално известена за поведувањето на дисциплинска постапка, независно од нејзините професионални квалитети. Таа тогаш имала право на гаранциите на дисциплинската постапка како и на правните лекови пред управните судови. Таа, исто така, се откажала од тоа да се јави на испитот за социјални работници организиран од страна на CASH, иако таа била на листата на кандидати што оваа установа ја изготвила со целосно познавање на фактите (видете став 10 погоре). Во овие околности, Судот смета дека домашните органи не го пречекориле својот простор за слободна проценка кога утврдиле дека не е можно усогласување меѓу верските убедувања на жалителката и обврската да не ги изразува и кога потоа одлучиле да дадат предност на барањето за неутралност и непристрасност на државата.
71. Од извештајот на Опсерваторијата на секуларизмот, во делот „Состојба на терен во однос на секуларизмот во здравствените установи“ (став 29 погоре) произлегува дека споровите кои произлегуваат од изразувањето на верските убедувања на луѓето кои работат во болничките служби се оценуваат од случај до случај, со тоа што усогласувањето на интересите во прашање се прави од страна на администрацијата со цел да се најде мирно решение. Оваа желба за усогласување е потврдена од реткоста на овој вид на спорови поднесени пред судовите, како што е јасно од циркуларот од 2005 г. или од неодамнешните студии за секуларизмот (ставови 26 и 30 погоре). На крајот, Судот забележува дека болницата е место каде што, исто така, се бара од корисниците, кои, меѓутоа, имаат слобода да ги изразат своите религиозни верувања, да придонесат за спроведување на начелото на секуларизмот со воздржување од прозелитизам и со почитување на организацијата на службата и особено на здравствените и хигенските императиви (ставови 23, 29 и 30 погоре); со други зборови, регулативата на засегнатата држава им дава предност на правата на другите, на еднаквиот третман на пациентите и на функционирањето на службата во однос на изразите на религиозни верувања, и тој тоа го забележува.
72. Во светло на погоре наведеното, Судот смета дека спорното мешање може да се смета за пропорционално со барната цел. Оттука, мешањето во остварувањето на слободата на изразување на својата религија било неопходно во едно демократско општество, немало повреда на членот 9 од Конвенцијата.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Ја прогласи едногласно жалбата за допуштена;
2. Одлучи, со шест гласови против еден, дека имало повреда на членот 9 од Конвенцијата.
Подготвено на француски и доставено во писмена форма на 26 ноември 2015 година, согласно членот 77 став 2 и 3 од деловникот.
Милан БлашкоХосеп Касадевал,
Заменик секретар на судотПретседател
Кон оваа пресуда прикачено е, согласно членот 45 став 2 од Конвенцијата и членот 74 став 2 од Деловникот, експозето на издвоените мислења на судиите Де Гаетано и О Лири.
Х.К.M.
M.Б.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe ()). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy