© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012 година. Овој превод е нарачан со поддршка од Повереничкиот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За повеќе информации видете го целосното известување за авторските права на крајот на документот.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyrights/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПЕТТИ ОДДЕЛ
ПРЕДМЕТ НА УРЕДНИЧКИОТ ОДБОР НА PRAVOYE DELO И SHTEKEL против УКРАИНА
(Жалба бр. 33014/05)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
5 мај 2011
КОНЕЧНА
05/08/2011
Оваа пресуда стана конечна во согласност со член 44 § 2 на Конвенцијата. Пресудата може да биде предмет на редакциски измени.
Во предметот на Уредничкиот одбор на Pravoye Delo и Shtekel против Украина,
Европскиот суд за човекови права (Петти оддел), заседавајќи како Совет составен од:
Dean Spielmann, Претседател,
Elisabet Fura,
Karel Jungwiert,
Mark Villiger,
Isabelle Berro-Lefèvre,
Ann Power,
Ganna Yudkivska, судии,
и Claudia Westerdiek, Секретар на Одделот,
По заседавањето без присуство на јавноста на 5 април 2011 година,
Ја изрекува следнава пресуда, што беше донесена на тој датум:
ПОСТАПКА
1. Предметот произлегува од жалбата (бр. 33014/05) против Украина што беше поднесена до Судот во согласност со член 34 на Конвенцијата за заштита на човековите права и на основните слободи („Конвенцијата“) од страна на уредувачкиот одбор на дневниот весник Pravoye Delo („првиот жалител“) и украинскиот државјанин, г. Leonid Isaakovich Shtekel („вториот жалител“) на 22 август 2005 година.
2. Жалителите беа застапувани пред Судот од страна на г-ѓа L. V. Opryshko, адвокат што работи во Киев. Украинската Влада („Владата“) беше застапувана од својот застапник, г. Y. Zaytsev од Министерството за правда.
3. На 13 октомври 2009 година Претседателот на Петтиот оддел одлучил да ја извести Владата за жалбата. Тој одлучил, исто така, да ја испита основаноста на жалбата во исто време со нејзината допуштеност (член 29 § 1).
ФАКТИЧКА СОСТОЈБА
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА ПРЕДМЕТОТ
4. Првиот жалител е уредувачкиот одбор на Pravoye Delo, дневен весник што е регистриран во Одеса во мај 2000 година. Вториот жалител е главниот уредник на Pravoye Delo. Тој живее во Одеса.
5. Во материјалното време Pravoye Delo бил локален весник што се издавал три пати неделно во тираж од околу 3.000 примероци. Тој објавувал репортажи и материјали за политичките и социјалните прашања во Украина и, особено, во регионот на Одеса. Поради недостаток од средства, весникот често пренесувал статии и други материјали добиени од различни јавни извори, вклучително и од Интернет.
1. На 19 септември 2003 година Pravoye Delo објавил анонимно писмо, наводно напишано од страна на лице вработено во Безбедносните служби на Украина, што колегата на вториот жалител, г-ѓа И. го преземала од една информативна веб локација. Писмото содржело тврдења дека високи службеници во Регионалниот оддел на безбедносната служба во Одеса биле вклучени во незаконски и коруптивни активности, и особено дека тие биле поврзани со членови на организирани криминални групи. Еден од пасусите на писмото гласи како што следува:
“... Заменикот на раководителот на [Регионалниот оддел на безбедносната служба во Одеса][И. Т], близок пријател и помошник на раководителот на одделот П, воспоставил „деловни“ контакти со [организираната криминална група] на [A. A.] ... Еден член на [организираната криминална група] Г. Т., агент на [A. A.], кој е задолжен за главните области на делување на бандата [е] координатор и покровител на убиства, [тој] се сретнува со [И. T.] и решава финансиски прашања за високите функционери на Одделот [на Безбедносната служба] во регионот на Одеса ...”
72. По писмото следеле овие коментари, изготвени од г-ѓа И, во име на уредувачкиот одбор:
„Објавувајќи го ова писмо без знаење и согласност на главниот уредник, свесна сум дека не само што може да си создадам проблеми ... туку може да создадам проблеми и за весникот. Бидејќи, ако ова писмо е [дезинформација], тогаш [медиумот], во кој тоа се појавува може да биде доведен во опасност. Од другата страна, пак, ако ова писмо е веродостојно, тогаш неговиот автор се соочува со поголем ризик. Покрај тоа, со оглед на тоа што оваа анонимка [анонимно писмо] веќе беше објавено на веб локацијата V во Одеса (до која упатуваме, во согласност со нивните барања), имаме благослов од Бога [да ја објавиме]. Ние постапуваме под претпоставката дека, во согласност со Законот за демократска цивилна контрола врз воените организации и полициските служби на Државата, ние вршиме цивилна контрола и, согласно член 29 на Законот, би сакале да добиеме отворени информации во врска со фактите што се опишани во ова писмо од релевантните власти. Дополнително, [треба да се укаже] дека Одделот [на безбедносната служба] во регионот на Одеса не реагираше на слична статија објавена во Top Secret [весник] ... Ве потсетувам дека весникот [Pravoye Delo] ... е отворен за писма - реплики и коментари од сите заинтересирани агенции.“
3. Во октомври 2003 година, Г.Т., кој во тоа време живеел во Одеса и бил Претседател на украинската национална федерација за тајландски бокс, повел постапка за клевета во Окружниот суд Приморски во Одеса против жалителите. Г.Т. тврдел дека информациите во изданието на Pravoye Delo од 19 септември се однесувале на него, и дека тие биле неточни и му наштетиле на неговото достоинство и углед. Тој побарал од судот да им нареди на жалителите да објават демант и извинување и да му платат обесштетување за нанесена нематеријална штета во износ од 200.000 украински хривнии (УАХ) [1].
4. Жалителите прво тврделе пред судот дека тие не биле одговорни за точноста на информациите содржани во материјалот што го објавиле, бидејќи тие репродуцирале материјал веќе објавен на друго место без да прават какви било измени. Објавата содржела упатување до изворот на материјалот и по неа следеле коментари во кои се објаснува ставот на уредништвото во однос на материјалот и се охрабрува поднесувањето коментари од страна на засегнатите лица и органи. Жалителите тврделе, исто така, дека ако судот му го додели на Г.Т. обесштетувањето што тој го побарал, весникот ќе стане несолвентен и ќе мора да се затвори.
10. Потоа, на расправата на 24 април 2004 година, вториот жалител изјавил дека статијата не се однесувала на тужителот и дека од текстот на статијата не мора задолжително да се заклучи дека статијата упатува токму на лицето „Г.Т.“.
11. На 7 мај 2004 година судот пресудил против жалителите. Судот утврдил дека информациите во прашање навистина се однесувале на тужителот, кој бил јавна личност вклучена во јавните активности во регионот на Одеса и ја претставувал Украина на спортски настани во странство во своето својство на Претседател на украинската национална федерација за тајландски бокс. Во тој контекст, судот забележал дека тоа не било оспорено од страна на жалителите во нивните првични поднесоци и дека објавената статија се однесувала на активностите на безбедносните служби во регионот на Одеса. Судот дополнително сметал дека содржината на статијата била клеветничка и дека жалителите не успеале да докажат дека таа содржина е точна. Судот не нашол каква било основа да ги ослободи жалителите од одговорност за штета во согласност со член 42 на Законот за печат, со оглед на тоа што Интернет страната до која тие упатувале не била печатен медиум регистриран врз основа на член 32 на Законот за печат.
12. Судот му наредил на првиот жалител да објави демант на следнава содржина на објавената статија:
“... Еден член на [организираната криминална група] Г.Т. агент на [A. A.], кој е задолжен за главните области на делување на бандата [е] координатор и покровител на убиства, [тој] се сретнува со [И. T.] и решава финансиски прашања за високите функционери на Одделот [на Безбедносната служба] во регионот на Одеса ...”
13. Судот дополнително му наредил на вториот жалител да објави службено извинување во весникот.
14. При утврдувањето на износот на обесштетувањето што треба да му се плати на тужителот, судот ги зема предвид поднесоците на тужителот и информациите во врска со финансиската состојба на весникот. Судот забележал дека бруто годишниот приход на весникот изнесувал околу 20.000 УАХ[2] и утврдил дека е разумно да им се нареди на жалителите заеднички да му платат на Г.Т. 15.000 УАХ[3] за нематеријалната штета. На жалителите им било наредено и да уплатат судски такси во износ од 750 УАХ[4] во Државниот буџет.
15. Жалителите поднеле жалба. Тие останале на тврдењата што ги поднеле пред првостепениот суд и приговориле дека уредувачкиот одбор не е регистриран како правно лице во согласност со релевантните прописи за регистрирање на медиумите, како и дека вториот жалител не бил назначен за главен уредник врз основа на законот. Оттаму, според нивното мислење, тие не може да учествуваат во постапката.
16. Жалителите дополнително тврделе дека повикувањето на нивната одговорност за штета било спротивно на член 41 на Законот за печат и член 17 на Законот за државна поддршка на масовните медиуми и социјална заштита на новинарите, наведувајќи дека нивната намера не била да клеветат лицето Г.Т. и дека, преку објавувањето на материјалот, тие сакале да ја промовираат јавната расправа за прашањата што се отвораат во тој материјал што се од значителен јавен интерес. Според нив, дисеминацијата на материјалот била нивна должност и јавноста имала право да ги добие таквите информации.
17. Вториот жалител, исто така, тврдел дека тој не го одобрил објавувањето на материјалот во прашање и дека законодавството не предвидува обврска за извинување како санкција за клевета.
18. На 14 септември 2004 година и на 24 февруари 2005 година, соодветно, Регионалниот апелациски суд во Одеса и Врховниот суд ги одбиле жалбите на жалителите и ја потврдиле пресудата на првостепениот суд.
19. На 3 јули 2006 година жалителите и лицето Г.Т. склучиле пријателска спогодба, врз основа на која второнаведениот се откажал од какви било барања во однос на износот на обесштетувањето што му бил доделен со пресудата од 7 мај 2004 година. Жалителите, за возврат, се обврзале да ги покријат сите трошоци и расходи во врска со судската постапка и да објавуваат во Pravoye Delo рекламни и информативни материјали по барање на Г.Т., во обем што е ограничен на вредноста на обесштетувањето од пресудата.
20. Во 2008 жалителите престанале да го објавуваат весникот Pravoye Delo.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКТИКА
А. Устав на Украина од 28 јуни 1996 година
21. Релевантните извадоци од Уставот гласат како што следува:
Член 32
“... На секој човек му се гарантира судска заштита на правото за поправка на неточни информации за него или нејзе и за членовите на неговото или нејзиното семејство и правото да бара поправка на каков било вид информации, како и правото на надоместување на материјална или нематеријална штета нанесена преку собирање, чување, користење и ширење на таквите неточни информации.“
Член 34
„На секој човек му се гарантира правото на слобода на мислата и говорот и правото на слободно изразување на ставовите и верувањата.
Секој човек има право слободно да собира, чува, користи и шири информации по устен, писмен или друг начин по сопствен избор.
Вршењето на овие права може да се ограничи со закон во интерес на државната безбедност, територијалната неделивост или јавниот, за спречување нереди или злосторства, заштита на здравјето на населението, угледот или правата на други лица, спречување на објавувањето информации што се примени доверливо, или заради зачувување на овластувањата и непристрасноста на правдата.“
Б. Граѓански законик од 1963 година (укинат со дејство од 1 јануари 2004 година)
22. Релевантните извадоци од Граѓанскиот законик гласат како што следува:
Член 7. Заштита на честа, достоинството и угледот
„Граѓаните или организациите имаат право да бараат пред суд да се повлече определен материјал ако тој не е точен или е изнесен невистинито, ја деградира нивната чест и достоинство или углед, или им наштетува на нивните интереси, освен ако лицето што ја раширило информацијата не докаже дека таа е вистинита ...
Граѓаните или организациите на кои се однесува објавен материјал што е невистинит и им штети на нивните интереси, чест, достоинство или углед имаат право да бараат обесштетување за нанесената материјална или нематеријална штета, како и демант на таквата информација...“
В. Граѓански законик од 2003 година (во сила од 1 јануари 2004 година)
23. Одредбите на Граѓанскиот законик од 2003 година што се со значење за предметот гласат како што следува:
Член 16
Судска заштита на граѓанските права и интереси
1.Секој човек има право да поднесе барање до судот за заштита на неговите или нејзините ... права и интереси.
2.Средствата за заштита на граѓанските права и интереси може да вклучуваат:
1) признавање на правото;
2) прогласување на ништовност на некој акт;
3) престанок на дејствијата со кои се повредува правото;
4) враќање на состојбата што постоела пред повредата;
5) посебно извршување на некоја обврска;
6) модификација на правните односи;
7) прекинување на правните односи;
8) обесштетување за [материјална] штета ...;
9) обесштетување за [нематеријална] штета;
10) прогласување на незаконитост на некоја одлука или постапка или непостапување на некое државно тело;
...
Судот може да додели заштита на граѓанските права или интереси со други средства предвидени со договор или закон.
...”
Член 277
Демант на невистинити информации
„1. Физичкото лице чиишто нематеријални права биле повредени како резултат на ширење невистинити информации за него или за членовите на неговото семејство има право на реплика и [право на] демант на таквата информација.
...
3.Негативната информација што е раширена за некое лице се смета за невистинита ако лицето што ја раширило не го докаже спротивното.
4.Невистинитата информација се демантира од лицето што ја раширило ...
5.Ако невистинитата информација е содржана во документ што е прифатен (издаден) од правен субјект, тој документ се отповикува.
6.Физичкото лице чијшто нематеријални права се повредени во печатот или другите масовни медиуми има право на реплика, како и [право на] демант на невистинитата информација во истиот масовен медиум, на начин предвиден со закон ...
Невистинитите информации се демантираат без оглед на тоа дали лицето што ги раширило информациите е виновно или не.
7.Невистинитите информации се демантираат на истиот начин на кој биле раширени.“
Г. Закон за информирање од 2 октомври 1992 година
24. Релевантните извадоци од Законот за информирање, со нивната формулација во материјалното време, предвидуваат:
Член 20. Масовни медиуми
„Печатените масовни медиуми се периодични изданија (печат) – дневни весници, списанија, билтени – и повремени изданија со утврден тираж.
Аудиовизуелните масовни медиуми се радио, телевизија, кино, аудио и видео снимки, итн.
Постапката за основање ... определен медиум се утврдува со законите што се однесуваат на тој медиум.“
Член 47. Одговорност за повреда на законодавството за информирање
“...
Одговорноста за повреда на законодавството за информирање ја поднесуваат одговорните лице за следниве повреди:
...
ширење невистинити информации што ги нарушуваат честа и угледот на некое лице ...“
Член 49. Обесштетување за нанесена материјална и нематеријална штета
„Ако физички или правни лица претрпат материјална или нематеријална штета предизвикана од дело сторено од страна на субјект што врши информативна дејност, одговорните лица [за делото] плаќаат обесштетување [за штетата] доброволно или во согласност со судска одлука ...“
Д. Закон за печатени масовни медиуми (печат) од 16 ноември 1992 година
25. Релевантните извадоци од Законот за печат предвидуваат:
Член 1. Печатените масовни медиуми (печатот) во Украина
„Печатените масовни медиуми (печатот) во Украина, како што се наведени во овој Закон, се [дефинираат како] периодични и постојани публикации што се издаваат под постојано име [најмалку] еднаш годишно во согласност со потврда за државна регистрација...“
Член 7. Субјекти што вршат дејности на печатени масовни медиуми
„Субјектите што вршат дејности на печатени масовни медиуми ги вклучуваат [нивните] основачи (или соосновачи), уредници (или главни уредници), уредувачки одбори ...“
Член 21. Уредувачки одбор на печатени масовни медиуми
„Уредувачкиот одбор ... изготвува и издава печатени масовни медиуми во согласност со упатствата на основачот (или соосновачите).
Уредувачкиот одбор работи во согласност со статутот и ја спроведува програмата на печатениот масовен медиум што е одобрена од основачот (или соосновачите).
Уредувачкиот одбор ... се стекнува со статус на правен субјект од денот на државната регистрација, што се врши во согласност со законодавството на Украина.“
Член 21. Уредник (главен уредник) на печатен масовен медиум
„Уредникот (или главниот уредник) ... е раководител на уредувачкиот одбор, овластен од страна на основачот (или соосновачите).
Уредникот (или главниот уредник) ... раководи со активностите на уредувачкиот одбор во полето на неговите надлежности, како што е предвидено со организацискиот статус, го застапува уредувачкиот одбор во неговите односи со основачот (или соосновачите), издавачот, авторите, државните органи, граѓански здруженија и поединечни граѓани, како и пред судовите и арбитражните трибунали и е одговорен за исполнувањето на [законските] барања во врска со дејноста на печатениот медиум, уредувачкиот одбор ...“
Член 26. Државна регистрација на печатените масовни медиуми
“... Сите печатени масовни медиуми во Украина се предмет на државна регистрација. без оглед на областа каде се издава медиумот, тиражот или начинот на неговото создавање ...“
Член 32. Објавување податоци
„Секое издание на печатениот масовен медиум ги содржи следниве издавачки податоци:
(1) име на публикацијата ...
Дистрибуцијата на [публикациите] без податоци за издавачот е забрането.“
Член 37. Демант на информација
„Граѓаните, правните субјекти и државните органи, и нивните правни застапници, имаат право да бараат од уредувачкиот одбор на печатен масовен медиум да објави демант на информација објавена за нив која е невистинита или им наштетуваат на нивната чест или углед.
Ако уредувачкиот одбор не поседува какви било докази дека објавената содржина е вистинита, тој мора, на барање од тужителот, да објави демант на таквата информација во следното издание на соодветниот печатен масовен медиум, или да го објави демантот на сопствена иницијатива ...“
Член 41. Основи за одговорност
„Уредувачките одбори, основачите, издавачите, дистрибутерите, државните органи, граѓанските организации и здруженија се одговорни за повреди на законодавството за печатените масовни медиуми.
Повреди на украинското законодавство за печатени масовни медиуми се:
1) повредите предвидени во член 47 на Законот за информирање ...
За таква повреда виновната страна поднесува дисциплинска, граѓанска, административна или кривична одговорност во согласност со важечкото законодавство на Украина.
Новинарот ... уредникот (или главниот уредник) или други лица со чија согласност бил објавен материјалот што врши повреда на овој Закон поднесуваат иста одговорност за злоупотреба на слободата на печатените масовни медиуми како и авторите на тој материјал.“
Член 42. Ослободување од одговорноста
„Уредувачкиот одбор и новинарите не се одговорни за објавувањето на материјал што е невистинит, ги нарушува честа и угледот на граѓаните и организациите, ги повредува правата и законитите интереси на граѓаните, или претставува злоупотреба на слободата на печатените масовни медиуми и правата на новинарите, ако
1) информацијата е добиена од новинска агенција или од основачот (соосновачите) [на медиумот – извор на информацијата];
2) информацијата е содржана во одговор даден во согласност со Законот за информирање на барање за пристап до службени документи и на барање за писмени или усни информации;
3) информацијата претставува дословна репродукција на официјални говори на службеници од државните органи, организациите и граѓанските здруженија;
4) информацијата претставува дословна репродукција на материјал што е објавен од друг печатен масовен медиум и содржи упатување до [медиумот];
5) информацијата содржи тајни што се посебно заштитени со закон, ако новинарот не ја добил таквата информација незаконски.“
Ѓ. Закон за државна поддршка на масовните медиуми и социјална заштита на новинарите од 23 септември 1997 година
26. Релевантните извадоци од Законот предвидуваат:
Член 17. Одговорност за спречување или други постапки против животот и здравјето на новинар и одговорноста на новинарот за нематеријална штета предизвикана од него
“... Во процесот на разгледување од страна на судот на спор во врска со нематеријална штета меѓу новинар или масовен медиум, како туженик, и политичка партија, коалиција, [или] носител на функција (или носители на функции), како тужител, судот може да додели обесштетување за нематеријална штета единствено ако новинарот или раководните лица на медиумот [постапувале] со намера. Судот го зема предвид резултатот од искористувањето од страна на тужителот на вонсудски, особено во прелиминарна постапка, можности за демант на невистинитиот материјал, одбрана на својата чест, достоинство и углед и целосно решавање на спорот. Земајќи ги предвид околностите, судот може да одбие обесштетување во однос на нематеријална штета.
Намерата на новинарот и/или раководното лице на медиумот значи неговиот или нивниот став во врска со ширењето на информацијата ако новинарот и/или раководното лице на медиумот се свесни дека таа информација е невистинита и ги предвиделе нејзините општествено штетни последици.
Новинарот и/или масовниот медиум не поднесуваат одговорност за ширење на невистинити информации ако судот утврди дека новинарот постапувал добронамерно и ги проверил информациите.“
Е. Резолуција на Пленарната седница на Врховниот суд на Украина од 27 февруари 2009 година за судската практика во предметите што се однесуваат на заштитата на честа и достоинството на физичко лице и на угледот на физичко лице и правно лице
27. Релевантните извадоци од Резолуцијата на Пленарната седница на Врховниот суд гласат:
„26. Во согласност со член 19 на Уставот на Украина, правниот поредок во Украина се заснова врз [начелото] според кое ниедно лице не може да се присили да прави нешто што не е предвидено со законодавството. Од другата страна, член 34, став 1 на Уставот на Украина му го гарантира на секој човек правото на слобода на мислата и говорот и правото на слободно изразување на ставовите и верувањата.
Судот нема овластувања да го обврзе туженикот да му се извини на тужителот ... бидејќи извинувањето под присила не е предвидено со членовите 16 и 277 [на Граѓанскиот законик од 2003 година] како средство за судска заштита на честа, достоинството [и] деловниот углед [во случај на] ширење невистинити информации.“
Ж. Судската практика на Врховниот суд во предмети што се однесуваат на примената на членовите 16 и 17 на Граѓанскиот законик од 2003 година
28. Врховниот суд го потврди пристапот на Пленарната седница во предметот за клевета, поништувајќи ги одлуките на пониските судови со кои на туженикот му било наредено, inter alia, како законски неосновани. Конкретно, релевантниот извадок од пресудата на Врховниот суд (од 17 јуни 2009 година) гласи како што следува:
“...
Судовите немаат право да го обврзат туженикот да му се извини на тужителот на еден или друг начин, бидејќи членовите 16 и 277 [на Граѓанскиот законик од 2003 година] не предвидуваат извинување под присила како средство за судска заштита на честа, достоинството [и] деловниот углед [во случај на] ширење невистинити информации; присилувањето на некое лице да ги смени своите уверувања претставува мешање во слободата на говорот и изразувањето што се гарантирани со Уставот на Украина и член 10 на Конвенцијата ...“
II. РЕЛЕВАНТНИ МАТЕРИЈАЛИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА И МЕЃУНАРОДНИ МАТЕРИЈАЛИ
А. Препорака CM/Rec(2007)16 на Комитетот на министри до земјите членки за мерки за унапредување на јавната вредност на Интернетот
29. На 1010-тиот состанок на 7 ноември 2007 година Замениците министри ги разгледаа суштинските аспекти на користењето на новите информациски и комуникациски технологии и услуги, особено Интернет, во контекст на заштитата и унапредувањето на човековите права и основните слободи. Тие ја потврдија сè позначајната улога што Интернетот ја има во обезбедувањето разновидни извори на информации на јавноста и значајното потпирање на луѓето врз Интернетот како алатка за комуникација.
30. Беше забележано, сепак, дека Интернетот може, од едната страна, значително да го зајакне спроведувањето на човековите права и основни слободи, како што е правото на слобода на изразување, додека, пак, од другата страна, Интернетот може да влијае негативно врз останатите права, слободи и вредности, како што се почитувањето на приватниот живот и тајноста на кореспонденцијата и почитувањето на достоинството на луѓето.
31. Замениците министри донесоа препораки до земјите-членки на Советот на Европа во однос на управувањето со Интернетот. Тие вклучуваат препорака за изготвување јасна правна рамка со која се зацртуваат границите на улогата и одговорноста на сите клучни засегнати страни во областа на новите информациски и комуникациски технологии и охрабрување на приватниот сектор да нови облици на отворена и транспарентна само- и ко-регулација врз основа на која може да се бара одговорност од клучните актери.
Б. Заедничка изјава на Специјалниот известител на ОН за слободата на мислењето и изразувањето, Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите и Специјалниот известител на ОАД за слободата на изразувањето, донесена на 21 декември 2005 година
32. Растечката важност на Интернетот како средство за практично олеснување на слободниот проток на информации и идеи беше препознаена, исто така, во Заедничката изјава дадена од г. А. Ligabo, г. M. Haraszti и г. Е. Bertoni. Тие ја нагласија потребата за строга примена на меѓународните гаранции за слободата на изразувањето на Интернет. Во таа смисла, беше укажано дека никој не треба да поднесува одговорност за содржина на Интернет на која што не е автор, освен ако не ја присвоил таквата содржина како своја или одбил да постапи во согласност со судски налог за отстранување на содржината.
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 10 НА КОНВЕНЦИЈАТА
33. Жалителите се жалеа дека нивното право на слобода на изразување било повредено со тоа што судовите ја прифатила тужбата на Г.Т. во врска со содржината објавена во Pravoye Delo на 19 септември 2003 година. Тие изјавиле дека мешањето ниту било во согласност со законот, ниту пак било неопходно во демократско општество. Жалителите се повикале на член 10 на Конвенцијата, кој гласи како што следува:
„1. Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации и идеи без мешање од јавните власти и без оглед на границите. Овој член не ги спречува земјите да бараат лиценцирање на радиодифузиските, телевизиските и кинематографските претпријатија.
2.2. Остварувањето на овие слободи, што вклучува обврски и одговорности, може да биде предмет на формалности, услови, ограничувања или санкции што се предвидени со закон и се неопходни мерки во демократското општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната безбедност, за спречувањето на нереди и злосторства, заштита на здравјето или моралот, заштита на угледот или правата на другите, спречување на откривањето информации примени во доверба, или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.“
А. Допуштеност
34. Владата тврдеше дека жалителите не може да тврдат дека се жртви на повреда на член 10 на Конвенцијата, бидејќи мешањето во нивното право на слобода на изразување се засновало врз одлуките на домашните судови. Жалителите не поднеле жалба врз основа на член 6 § 1 на Конвенцијата дека спорната судска постапка била неправична, и во тие постапки немало какви било нерегуларности, а Судот имал ограничена јурисдикција во однос на оценувањето на фактичката состојба и примената на правото од домашните судови. Врз овие основи, тие го повикале Судот да ја прогласи жалбата за некомпатибилна согласно принципот ratione personae со одредбите на Конвенцијата.
35. Жалителите не се согласиле со тоа.
36. Судот смета дека приговорот на Владата е тесно поврзан со суштината на жалбите на жалителите врз основа на член 10 на Конвенцијата и дека, според тоа, мора да се приклучи на основите.
37. Судот дополнително забележува дека жалбата не е очигледно неоснована во смисла на член 35 § 3 на Конвенцијата. Судот дополнително забележува дека таа не е недопуштена врз какви било други основи. Според тоа, жалбата мора да се прогласи за допуштена.
Б. Основи
1.Поднесоци на страните
(а) Жалителите
38. Жалителите тврделе дека на домашното законодавство во врска со одговорноста на печатот за клевета му недостигаат јасност и предвидливост и дека домашните судови не ги земале предвид релевантните законодавни гаранции против казнувањето на непотврдените искази дадени од новинарите. Тие тврделе дека судовите не го земале предвид фактот што тие не ја рашириле информацијата за Г.Т., дека вториот жалител не дал своја дозвола за објавувањето на материјалот, дека тие доволно се оградиле од објавениот материјал и дека Г.Т. не ја искористил можноста да побара од уредувачкиот одбор да го повлече објавениот материјал пред да поведе постапка за клевета пред судовите.
39. Вториот жалител, исто така, приговорил дека украинското право не предвидува обврска за извинување како санкција за клевета.
40. Жалителите дополнително тврделе дека тие извршиле ширење на материјал што веќе бил објавен на Интернет со цел да ја унапредат натамошната дискусија на важните политички прашања што се поставуваат во материјалот. Тие изјавиле дека износот на обесштетувањето што требало да го платат бил превисок со оглед на годишните приходи на весникот и дека таквото обесштетување претставува несразмерно оптоварување за нив. Во оваа смисла, тие изјавиле дека морале да престанат да го издаваат весникот Pravoye Delo.
(б) Владата
41. Владата тврдела дека мешањето во правото на жалителите на слобода на изразување било законито затоа што било засновано врз јасни, достапни и предвидливи одредби на домашното право, имено, член 7 на Граѓанскиот законик од 1963 година, член 47 на Законот за информирање од 2 октомври 1992 година и членовите 1, 32 и 42 на Законот за печатени масовни медиуми (печат) од 16 ноември 1992 година, како што биле применети од националните судови во предметот на подносителите не жалбата.
42. Владата дополнително тврдела дека мешањето имало за цел да ги заштити честа, достоинството и деловниот углед на приватно лице чиишто права биле загрозени со предметната публикација. Според Владата, тоа била легитимна цел во смисла на член 10 § 2 на Конвенцијата, што жалителите не го негирале.
43. Владата тврдела дека објавениот материјал содржел сериозни фактички наводи насочени против истакната јавна личност што придонесувала за развојот на спортот во Украина. Жалителите не успеале да ги докажат таквите наводи. Фактот што тие го репродуцирале материјалот добиен од интернет страница не бил доволен за нивно ослободување од оваа обврска, бидејќи правниот статус на информациите што произлегуваат од Интернет сè уште не бил утврден во домашното право. Според тоа, Владата изјавила дека мешањето било неопходно во овој предмет.
44. Тие, исто така, тврделе дека жалителите всушност не морале да го платат обесштетувањето што судот му го доделил на тужителот, бидејќи го решиле прашањето во фазата на извршување на пресудата од 7 мај 2004 година. Според Владата, жалителите не докажале дека престанале да го издаваат нивниот весник поради мешањето што е во прашање.
45. Повикувајќи се на одлуката на Судот за допуштеноста во предметот Vitrenko and Others v. Ukraine ((одлука.), бр. 23510/02, 16 декември 2008 година), Владата приговорила дека судскиот налог за извинување не бил во спротивност со начелата што се вградени во член 10 на Конвенцијата.
46. Врз горенаведените основи, Владата изјавила дека спорното мешање не било несразмерно.
2.Оцена на Судот
(а) Дали постоело мешање во правото на слобода на изразување
47. Судот забележува дека предметната објава вклучувала клеветничко наведување на факти. Врз основа на наодите на парничните судови, наведено е дека јавна личност, Претседател на украинската национална федерација за тајландски бокс, била член на организирана криминална група и „координатор и покровител на убиства“. Жалителите не успеале да покажат дека овие искази се вистинити и судот им наредил да објават демант и извинување и да му исплатат обесштетување на засегнатото лице за нематеријалната штета предизвикана од објавата.
48. Судот смета дека судските одлуки претставуваат мешање во правото на слобода на изразување на жалителите.
49. Судот повторува дека неговата задача во вршењето на надзорната функција во согласност со член 10 на Конвенцијата е да го разгледа оспореното мешање во контекст на предметот во целина, и, особено, да утврди дали причините што ги понудиле националните власти за до го оправдаат таквото мешање се релевантни и доволни (видете, меѓу останатите релевантни предмети, Fressoz and Roire v. France [GC], бр. 29183/95, § 45, ECHR 1999-I). Ова неизбежно повлекува преглед на одлуките што биле донесени од судовите на домашно ниво, без оглед на какви било жалби поднесени во врска со почитувањето од страна на судовите на процедуралните гаранции од член 6 на Конвенцијата. Оттаму, Судот го отфрла приговорот на Владата во однос на статусот на жртви на жалителите.
50. Судот сега ќе испита дали мешањето било оправдано во согласност со член 10 § 2 на Конвенцијата.
(б) Дали мешањето било пропишано со закон
51. Судот забележува дека првото и најважното барање на член 10 на Конвенцијата е дека секое мешање од страна на јавните власти во остварувањето на слободата на изразување треба да биде законито: првата реченица на вториот став во основа предвидува дека секое ограничување на изразувањето мора да биде „предвидено со закон“. За исполнување на ова барање не е доволно мешањето да биде засновано врз домашното право. Самото право мора да соодветствува на определени барања за „квалитет“. Конкретно, некоја норма не може да се смета за „право“ ако не е формулирана со доволна прецизност што му овозможува на граѓанинот да го регулира своето однесување: тој мора да биде способен – по потреба со соодветни совети - да ги предвиди, до степен што е разумен во дадените околности, последиците што може да ги носи со себе определена постапка (видете, на пример, Lindon, Otchakovsky-Laurens and July v. France [GC], бр. 21279/02 и 36448/02, § 41, ECHR 2007‑XI).
52. Степенот на прецизноста зависи во значителна мера од содржината на инструментот во прашање, областа за која што тој е наменет и бројот и статусот на оние на кои инструментот се однесува (видете Groppera Radio AG and Others v. Switzerland, 28 март 1990 година, § 68, Серија A бр. 173). Концептот за предвидливост се применува не само за однесувањето, за кое жалителот треба разумно да биде способен да ги предвиди последиците, туку и за „формалностите, условите, ограничувањата или санкциите“ што може да се поврзат со таквото однесување, доколку се утврди дека тоа е спротивно на националните закони (видете, mutatis mutandis, Kafkaris v. Cyprus [GC], бр. 21906/04, § 140, ECHR 2008‑...).
53. Враќајќи се околностите на овој предмет, Судот забележува дека поднесоците на жалителите во врска со прашањето за законитоста на мешањето суштински се однесуваат на две посебни прашања, имено, наводниот недостаток на јасност и предвидливост на релевантните законодавни одредби за посебните заштитни мерки за новинарите и наводното непостоење на законски основи за обврската за извинување во случаите на клевета.
(i) Мерки предвидени во украинското право во случаите на клевета
54. Во однос на второво прашање, Судот забележува дека украинското право предвидува дека, во случаи на клевета, оштетените страни имаат право да бараат демант на невистинитите и клеветничките искази и обесштетување. Двете мерки биле применети во предметот на жалителите. Меѓутоа, покрај овие мерки, судовите му наредиле на вториот жалител да објави службено извинување во весникот. Судот забележува дека таквата мерка не е посебно предвидена во домашното законодавство.
55. Судот се има сретнато со слична ситуација во предмет против Русија. Во тој предмет Судот беше подготвен да прифати дека толкувањето од страна на домашните судови на концептите за демант или исправка од релевантното законодавство како концепти што може да вклучуваат и извинување не е такво што би го направило оспореното мешање незаконито во смисла на Конвенцијата (видете Kazakov v. Russia, бр. 1758/02, § 24, 18 декември 2008 г.).
56. Меѓутоа, во споредба со горе наведениот предмет, овој предмет не содржи докази или, најмалку, убедлив аргумент дека украинските судови биле склони кон толку широко толкување на законските одредби во врска со мерките што се применливи во случаите на клевета, или, пак, дека тие вообичаено го имаат тој приод во таквите предмети.
57. Судот дополнително забележува дека, без оглед на конкретните и релевантните жалби на жалителот во врска со тоа, домашните судови не успеале да дадат какво било објаснување за очигледното отстапување од релевантните домашни правила (видете став 17 погоре). Поднесоците на Владата во врска со тоа, исто така, не го разјаснуваат прашањето.
58. Како што може да се види од релевантната домашна судска практика, иако истата следува по настаните во прашање, воведувањето на обврската за извинување во случаите на клевета може да биде во спротивност со уставната гаранција за слободата на изразување (видете ги ставовите 27-28 погоре).
59. Во овие околности, Судот смета дека судскиот налог за вториот жалител да се извини не бил предвиден со закон и дека, согласно со тоа, има повредна на член 10 на Конвенцијата во таа смисла.
(ii) Посебни заштити на новинарите во украинското право
60. Судот забележува дека предметната публикација била дословна репродукција на материјал преземен од јавно достапен Интернет весник. Таа содржела упатување до изворот на материјалот и коментари од уредувачкиот одбор, во кои тие формално се оградиле од содржината на материјалот.
61. Украинското законодавство – особено Законот за печат – ги ослободува новинарите од граѓанска одговорност за дословни репродукции на материјал што веќе е објавен во печатот 9видете став 25 погоре). Судот укажува дека оваа одредба обично е во согласност со слободата на новинарите да објавуваат изјави што ги дале други лица (видете, на пример, Jersild v. Denmark, 23 септември 1994 година, § 35, Серија A бр. 298, и Thoma v. Luxembourg, бр. 38432/97, § 62, ECHR 2001‑III).
62. Меѓутоа, според домашните судови, не постоел таков имунитет за новинарите што репродуцираат материјал од извори на Интернет што не се регистрирани во согласност со Законот за печат. Во врска со ова, Судот забележува дека не постоеле никакви домашни прописи за државна регистрација на интернет медиумите и дека, според Владата, Законот за печат и другите нормативни акти што ги уредуваат медиумските односи во Украина не содржеле какви било одредби за статусот на медиумите што се засноваат врз Интернет, или за употребата на информациите добиени од Интернет.
63. Точно е дека Интернетот е информациска и комуникациска алатка што е особено различна од печатените медиуми, особено во однос на капацитетот за чување и пренесување информации. Електронската мрежа, што опслужува милијарди корисници насекаде во светот, не е и потенцијално нема никогаш да биде предмет на истите прописи и контрола. Ризикот од опасностите што го носат содржините и комуникациите на Интернет за остварувањето и уживањето на човековите права и слободи, особено на правото на почитување на приватниот живот, е секако повисок од оној што го носи печатот. Оттаму, политиките што ја уредуваат репродукцијата на материјал од печатениот медиум и од Интернет може да се разликуваат. Вториве несомнено треба да се приспособат во согласност со посебните карактеристики на оваа технологија со цел да се осигури заштитата и унапредувањето на засегнатите права и слободи.
64. Сепак, земајќи ја предвид улогата што Интернетот ја игра во контекст на професионалните медиумски активности (видете ставови 29-32 погоре) и неговата важност за остварувањето на правото на слобода на изразува воопшто (видете Times Newspapers Ltd v. United Kingdom (бр. 1 и 2), бр. 3002/03 и 23676/03, § 27, 10 март 2009 година), Судот смета дека непостоењето на доволна правна рамка на домашно ниво што им дозволува на новинарите да користат информации добиени од Интернет без страв дека ќе поднесат казни сериозно го попречува вршењето на виталната улога на печатот на „јавен контролор“ (видете, mutatis mutandis, Observer and Guardian v. the United Kingdom, 26 ноември 1991 г., § 59, Серија A бр. 216). Според мислењето на судот, целосното исклучување на таквите информации од опфатот на примената на законодавните гаранции за новинарската слобода може само по себе да предизвика неоправдано мешање во слободата на печатот од член 10 на Конвенцијата.
65. Судот дополнително забележува дека во согласност со украинското право од новинарите не може да се бара да платат обесштетување во случаи на клевета ако тие не ја објавиле невистинитата информација намерно, ако постапувале со добри намери и ако ја потврдиле информацијата, или ако оштетената страна не ги искористила достапните можности да го реши спорот пред да оди на суд (видете став 26 погоре). Во домашните постапки, жалителите експлицитно ја користеле одбраната на условена заштита во согласност со соодветната правна одредба. Конкретно, тие тврделе дека не постапувале со зли намери да го клеветат тужителот објавувајќи го предметниот материјал и дека јавноста имала интерес да ги добие таквите информации. Дополнително, тие тврделе дека со репродукцијата на материјалот што бил претходно објавен на Интернет нивната намера била да ја унапредат дебатата и дискусијата за политички прашања од значителен јавен интерес. Тие, исто така, аргументирале дека тужителот не преземал никакви мерки за решавање на спорот со нив без оглед на фактот што во самата објава тие ги повикале сите засегнати лица да дадат свои коментари. Меѓутоа, судовите во целост го игнорирале нивниот приговор.
66. Судот, според тоа, смета дека, со оглед на недостатокот на соодветни заштитни мерки во домашното право за новинарите кои користат информации добиени од Интернет, жалителите не можеле да го предвидат соодветниот степен на последиците до кои можела да доведе спорната публикација. Ова му овозможува на Судот да заклучи дека барањето за законитост што е содржано во вториот став на член 10 на Конвенцијата не било исполнето.
67. Во овие околности, Судот не смета дека е неопходно да ги разгледува преостанатите поднесоци на страните во врска со оваа одредба, или да ја испитува сразмерноста на предметното мешање.
68. Согласно со тоа, постои повреда на член 10 на Конвенцијата во однос на овој аспект на предметот.
II. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
69. Член 41 на Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумно отстранување на последиците на таквата повреда, Судот, доколку е тоа потребно, и овозможува правично обесштетување на оштетената страна.“
А. Поднесоци на првиот жалител
70. Првиот жалител тврдеше дека соодветното правично обесштетување во овој предмет би било да се утврди повредна на член 10 на Конвенцијата и укажување за општите мерки што треба да ги донесе Украина за да го усогласи своето законодавство и судската практика со „европските стандарди за слободата на изразувањето“ во однос на употребата на „општествено важни информации, достапни на Интернет чија што веродостојност е отворена за дискусија.“
71. Владата не коментираше за овој аспект на предметот.
72. Земајќи ги предвид околностите на овој предмет и заклучоците што ги донесе Судот врз основа на член 10 на Конвенцијата (видете ставови 64-68 погоре), Судот не смета дека е потребно да го разгледува овој предмет од аспект на член 46 на Конвенцијата со цел да укаже на посебни мерки што може да се преземат за да се стави крај на повредата што е утврдена во овој предмет (видете, mutatis mutandis, Broniowski v. Poland [GC], бр. 31443/96, § 194, ECHR 2004-V). Судот, исто така, укажува дека нема барање за доделување на каков било износ на првиот жалител како правично обесштетување.
Б. Поднесоци на вториот жалител
1.Штета
73. Вториот жалител побарал 7.000 евра (ЕУР) за нематеријална штета.
74. Владата го оспори барањето на вториот жалител.
75. Судот смета дека вториот жалител претрпел определена болка и вознемиреност поради повредите на неговото право на слобода на изразување. Одлучувајќи врз правична основа, во согласност со барањата од член 41 на Конвенцијата, Судот му доделува 6.000 ЕУР во врска со ова.
2.Судски и други трошоци
76. Вториот жалител не поднел барање во однос на судските и другите трошоци. Оттаму, Судот не може да додели никакви средства под оваа ставка.
3.Затезна камата
77. Судот смета дека е соодветно затезната камата да се пресметува врз основа на маргиналната каматна стапка на Европската централна банка, на која треба да и се додадат три процентни поени.
ПОРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1.Одлучува да го разгледува заедно со основите на предметот приговорот на Владата во врска со статусот на жртва на жалителите и истиот го отфрла;
2.Ја прогласува жалбата за допуштена;
3.Заклучува дека има повреда на член 10 на Конвенцијата поради тоа што домашните судови му наредиле на вториот жалител да објави службено извинување;
4.Заклучува дека постои повреда на член 10 на Конвенцијата поради тоа што жалителите биле казнети за спорната публикација;
5.Заклучува
(а) дека тужената Држава треба да му исплати на вториот жалител, во рок од три месеци по денот на кој пресудата станува конечна и правосилна во согласност со член 44 § 2 на Конвенцијата, износ од 6.000 ЕУР ( шест илјади евра), зголемен за какви било даноци што може да се плативи, за претрпената нематеријална штета, а тој износ треба да се претвори во националната валута на тужената Држава според важечкиот девизен курс на денот на плаќањето;
(б) дека од истекувањето на претходно наведениот рок од три месеци до исплатата се пресметува проста камата на горенаведениот износ по стапка еднаква на маргиналната каматна стапка на Европската централна банка во текот на периодот на доцнење на исплатата, зголемена за три процентни поени;
6.Го одбива остатокот од барањето на вториот жалител за правично обесштетување.
Изготвено на англиски јазик и доставено во писмена форма на 5 мај 2011 година, во согласност со Правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Claudia WesterdiekDean Spielmann,
СекретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012 година.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот јазик. Овој превод е нарачан со поддршка од Повереничкиот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не е обврзувачки за Судот, ниту пак Судот презема каква било одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се преземе од HUDOC базата на податоци за судската практика на Европскиот суд за човекови права () или од кој било друга база на податоци на која што Судот го има отстапено преводот. Преводот може да се репродуцира за некомерцијални цели под услов ако се цитира целосниот наслов на предметот, заедно со ова известување за авторските права и упатување до Повереничкиот фонд за човекови права. Ако се планира да се искористи кој било дел од преводот за комерцијални цели, ве молиме обратете се кај publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of the translation for commercial purpose, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle put être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@.
[1]. Околу 33.060 евра (ЕУР).
[2]. Околу 3.511 ЕУР.
[3]. Околу 2.394 ЕУР.
[4]. Околу 120 ЕУР.
Full & Egal Universal Law Academy