© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА ЕЛБЕРТЕ против ЛЕТОНИЈА
(Жалба бр. 61243/08)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
13 јануари 2015 г.
КОНЕЧНА ВЕРЗИЈА
13/04/2015
Оваа пресуда стана правосилна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да подлегне на уредувачка ревизија.
Случајот на Елберте против Летонија,
Европскиот суд за човекови права (Четвртата секција), кој заседаваше како Судски совет во состав:
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä), претседател,
Инета Зиемеле (Ineta Ziemele),
Јоргос Николау (George Nicolaou),
Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria),
Здравка Калајџиева (Zdravka Kalaydjieva),
Криштоф Војтичек (Krzysztof Wojtyczek),
Фарис Вехабовиќ (Faris Vehabović), судии,
и Фатош Арачи (Fatoş Aracı), заменик секретар на Секцијата,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 4 ноември и на 2 декември 2014 г.,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум.
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 61243/08) против Република Летонија поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на летонска државјанка, г-аta Ѕинтра Елберте („жалителката“) на 5 декември 2008 година.
2. Жалителката беше застапувана од г-ата И. Никуљцева, адвокат со пракса во Рига. Летонската Влада („Владата“) беше застапувана од нивните агенти, најпрво г-ѓата И. Реине, a потоа г-ѓата К. Лице.
3. Жалителката тврдеше конкретно дека отстранувањето на ткиво од телото на нејзиниот починат сопруг се случило без нејзина согласност или знаење и дека бил погребан со нозете врзани една со друга.
4. На 27 април 2010 г. Владата беше известена за жалбата во однос на членовите 3 и 8 од Конвенцијата. На 9 јули 2013 г. беше одлучено во исто време да одлучи и за допуштеноста и за основаноста на жалбата (член 29 § 1 од Конвенцијата).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
5. Жалителката е родена во 1969 година и живее во Сигулда. Таа била сопруга на г-динот Егилс Елбертс (сопруг на жалителката), летонски државјанин роден во 1961 г., кој починал на 19 мај 2001 г.
А. Настаните пред жалителката да дознае за отстранувањето на ткиво
6. На 19 мај 2001 г. сопругот на жалителката имал сообраќајна несреќа во парохијата Алажи. Со амбулантно возило бил донесен во Болницата во Сигулда, но по пат им подлегнал на повредите и починал. Тој бил пренесен во мртвачницата во Болницата во Сигулда. Свекрвата на жалителката, која работела во Болницата во Сигулда бидејќи веднаш дознала за смртта на својот син, останала до неговото тело во Болницата во Сигулда додека не бил префрлен во Државниот центар за судска медицина (Valsts tiesu medicīnas expertīžu centrs) („Центар за судска медицина“) во Рига.
7. Во 5 часот наутро на 20 мај 2001 г. телото било донесено во Центарот за судска медицина со цел да се утврди причината за смртта. Меѓу 13.00 и 15.00 часот била направена аутопсија при што биле утврдени бројни повреди на главата и градите, како и неколку скршени ребра и скршен ‘рбет. Имал подливи на десното рамо, бут и колено. Стручното лице по судска медицина, Н.С., ги класификувал повредите како сериозни и живото-загрозувачки и ја утврдил причинско-последичната врска меѓу нив и неговата смрт.
8. Според Владата, после аутопсијата Н.С. утврдил дека немало печат на пасошот на г-динот Елбертс со кој би се означило дека тој бил против да се користи неговото ткиво и дека од телото на г-динот Елбертс отстранил ткиво во големина од 10 см х 10 см - надворешниот слој од мозокот (dura mater). Според жалителката Н.С. не можел да провери дали имало или немало печат во пасошот на г-динот Елбертс, бидејќи во тој момент пасошот бил кај нив дома во Сигулда. Жалителката се изјасни дека делот каде било отстрането ткивото бил поголем од 10 см х 10 см и дека не било само dura mater.
9. На 21 мај 2001 г. Обвинителството дало дозвола да се закопа телото. Според жалителката, на 21 или 22 мај 2001 г. нејзината сестра пристигнала во Центарот за судска медицина со цел да добие потврда за причината на смртта, заради што се потпишала во нивниот регистар. На 22 мај 2001 г. нејзината сестра го поднела тој документ, заедно со пасошот на г-динот Елбертс, до релевантните власти во Сигулда за да добие извод од матичната книга на умрените.
10. Според Владата, на 25 мај 2001 г. телото на г-динот Елбертс било предадено на роднина. Според жалителката неговото тело било предадено на друго лице кое чисто помагало околу превозот пред погребот.
11. На 26 мај 2001 г. се одржал погреб во Сигулда. Жалителката за првпат го видела починатиот сопруг кога неговото тело било префрлено од Центарот за судска медицина за погребот. Видела дека нозете му биле врзани една со друга. Тој бил закопан така. Жалителката во тоа време била бремена со нивното второ дете.
12. Жалителката дознала дека ткиво било отстрането од телото на нејзиниот сопруг дури две години подоцна, кога полицијата ја информирал дека била отворена кривична истрага за незаконско отстранување на органи и ткиво, и дека ткиво било отстрането од телото на нејзиниот сопруг.
Б. Кривична истрага за незаконско отстранување на органи и ткиво
13. На 3 март 2003 г. Полицијата (Drošības Policija) иницирала кривична истрага за незаконското отстранување на органи и ткиво заради снабдување на фармацевтска компанија со седиште во Германија („компанијата“) меѓу 1994 и 2003 г. Следниов след на настани беше утврден.
14. Во јануари 1994 г. институцијата претходник на Центарот за судска медицина склучила договор за соработка со компанијата заради изведување на научно истражување. Согласно договорот различни видови на ткива требале да бидат отстранети од починати лица – избрани од Центарот за судска медицина во согласност со меѓународните стандарди – и да ѝ бидат испратат на компанијата за обработка. Компанијата ги модифицирала добиените ткива во инпланти и ги праќала назад во Летонија за да бидат трансплантирани. Министерството за социјални прашања се согласило со содржината на договорот, проверувајќи ја неговата усогласеност со домашното право во неколку прилики. Обвинителството дало две мислења за компатибилноста на договорот со домашното право и, поконкретно, со Законот за заштита на телата на починатите лица и користењето на човечките органи и ткива („законот“).
15. На секој квалификуван член на персоналот („стручно лице“) од Центарот за судска медицина му било дозволено да изврши отстранување на ткиво по сопствена иницијатива. Раководителот на Одделот за танатологија при Центарот за судска медицина бил одговорен за нивната обука и за надзор на нивната работа. Тој исто така бил одговорен за испраќање на ткивото во Германија. Стручните лица биле плаќани за својата работа. На почетокот, отстранувањето на ткивото било вршено во секторите за судска медицина во Вентспилс, Салдус, Даугавпилс и Резекне. Меѓутоа по 1996 г. отстранувањето на ткивото било вршено само во Центарот за судска медицина во Рига и во Одделот за судска медицина во Резекне.
16. Согласно договорот, стручните лица можеле да отстранат ткиво од починати лица кои биле донесени во Центарот за судска медицина за форензичен преглед. Секое стручно лице требало да провери дали потенцијалниот донатор додека бил жив се противел да му бидат отстранети органи или ткиво со проверка на неговиот или нејзиниот пасош за да се провери дали има таков вид на печат таму. Доколку роднините се противеле на отстранувањето, нивните желби се почитувале, но стручните лица на своја рака не се обидувале да стапат во контакт со роднините или да ги утврдат нивните желби. Ткивото требало да се отстрани во рок од дваесет и четири часа од биолошката смрт на лицето.
17. Стручните лица биле обврзани да се придржуваат на домашното право, но според нивните сведочења, не сите го имале прочитано Законот. Меѓутоа, неговата содржина им била јасна со оглед дека раководителот на Одделот за танатологија при Центарот за судска медицина им објаснил дека отстранувањето било дозволено само ако немало печат на пасошот со кој се обележувало дека лицето одбило да му бидат отстранети органи или ткиво и ако роднините не се противеле на отстранувањето.
18. Во текот на истрагата истражните лице интервјуирале стручни лица по кривично право и за отстранување на органи и ткиво. Било заклучено дека, генерално гледано, постоеле два правни системи за регулирање на отстранувањето на органи и ткиво – „информирана согласност“ и „претпоставена согласност“. Од друга страна, раководителот на Центарот за судска медицина, раководителот на Одделот за танатологија при Центарот за судска медицина и стручните лица при Центарот за судска медицина сметале дека во релевантното време (односно, откако Законот стапил на сила на 1 јануари 1993 г.) постоел систем на „претпоставена согласност“ во Летонија. Овие лица сметале дека системот на претпоставена согласност значел дека „сè што не е забрането е дозволено“. Од друга страна истражните лица сметале дека членот 2 од Законот давал јасна индикација дека летонскиот правен систем повеќе се потпирал врз концептот на „информирана согласност“, и соодветно на тоа отстранувањето било дозволено кога истото било (изречно) дозволено, односно со дозвола дадена било од донаторот додека бил жив или од роднините.
19. Поконкретно, на 12 мај 2003 г. стручното лице Н.С. бил интервјуиран за отстранувањето на ткиво од телото на сопругот на жалителката,. Последователно, на 9 октомври 2003 г. жалителката била призната како повредена странка (cietušais) и таа била интервјуирана на истиот датум.
20. На 30 ноември 2005 г. било одлучено да се прекине кривичната истрага за активностите на раководителот на Центарот за судска медицина, раководителот на Одделот за танатологија при Центарот за судска медицина и раководителот на Одделот за судска медицина во Резекне во врска со отстранувањето на ткиво. Горенаведените размислувања биле забележани во одлуката (lēmums par kriminālprocesa izbeigšanu) и разликите во врска со можните толкувања на домашното право биле во корист на обвинетиот. Исто така, измените и дополнувањата на Законот од 2004 г. требале да се толкуваат така што би значеле дека постоел систем на „претпоставена согласност“ во Летонија. Било заклучено дека членовите 2-4 и 11 од Законот не биле прекршени и дека не бил утврден никаков елемент на кривично дело согласно членот 139 во Кривичниот законик.
21. На 20 декември 2005 г. и 6 јануари 2006 обвинителите ги отфрлиле жалбите поднесени од жалителката и одлучиле дека одлуката да се прекине истрагата била законска и оправдана.
22. На 24 февруари 2006 г. вишиот обвинител од Општото обвинителство го разгледал случајот и заклучил дека истрагата не требала да биде прекината. Тој утврдил дека стручните лица од Центарот за судска медицина ги прекршиле одредбите од Законот, а отстранувањето на ткивото било незаконско. Одлуката да се прекине била укината и случајот ѝ бил вратен на Полицијата.
23. На 3 август 2007 г. кривичната истрага, што се однесува на делот на отстранување на ткивото од телото на починатиот сопруг на жалителката, била прекината заради застарување на случајот затоа што поминале пет години. Меѓутоа, правниот основ што бил даден за ова прекинување бил отсуство на кривичен елемент. На 13 август 2007 г. жалителката била информирана за оваа одлука. На 19 септември и 8 октомври 2007 г. како одговор на жалбите поднесени од жалителката, обвинителите се изјасниле дека одлуката била законска и оправдана.
24. На 3 декември 2007 г. друг виш обвинител од Општото обвинителство го разгледал случајот и заклучил дека истрагата не требала да биде прекината. Таа утврдила дека стручните лица од Центарот за судска медицина ги прекршиле одредбите од Законот, а отстранувањето на ткивото било незаконско. Одлуката да се прекине повторно била укината и случајот ѝ бил вратен на Полицијата.
25. На 4 март 2008 г. била усвоена нова одлука да се прекине со кривичната истрага врз правен основ заради застареност на случајот. На 27 март 2008 г. како одговор на жалбата од жалителката, обвинителот повторно ја укинал одлуката.
26. Нова истрага била спроведена. Во текот на истрагата било утврдено дека во 1999 г. ткиво било отстрането од 152 лица; во 2000 г. од 151 лице; во 2001 г. од 127 лица; и во 2002 г. од 65 лица. Во замена за ткивото што ѝ било обезбедено на компанијата, Центарот за судска медицина набавила различни парчиња на медицинска опрема, инструменти, технологија и компјутери за здравствените установи во Летонија, а компанијата платила за овие набавки. Во рамки на договорот, вкупната парична вредност за опремата која компанијата ја платила ја надминала вредноста на отстранетото ткиво кое било испратено во компанијата. Со одлуката од 14 април 2008 г. (види веднаш под ова) било забележано дека ткивото не било отстрането заради потреби за трансплантирање во согласност со членот 10 од Законот, туку било отстрането за да се модифицира во други производи што се користеле не само за пациенти во Летонија туку и во друго земји.
27. На 14 април 2008 г. кривичната истрага била прекината заради застареност. Во одлуката било забележано дека секогаш кога еден стручно лице од Одделот за судска медицина на Резекне на пример, разговарало со роднините, пред отстранување на органи или ткиво, тој никогаш не ги информирал изречно за таквото потенцијално отстранување или добивал нивна согласност. Според сведочењата на сите роднини, тие немало да се согласат со отстранувањето на органи или ткиво доколку биле информирани и нивните желби биле утврдени. Според сведочењата на стручните лица тие чисто ги провериле пасошите дали имале печат и не барале согласност од роднините со оглед дека тие не биле во контакт со нив. Исто така било забележано дека почнувајќи од 1 јануари 2002 г., информации требале да се бараат во Матичната евиденција за населението, што стручните лица не го правеле. Било заклучено дека стручните лица, вклучително Н.С., го прекршиле членот 4 од Законот и ги прекршиле правата на роднините. Меѓутоа, заради тоа што случаите застарувале за пет години (период што почнал да тече на 3 март 2003) кривичната истрага била прекината, а на 9 мај и 2 јуни 2008 г. обвинителите ја потврдиле оваа одлука како одговор на жалбите поднесени од жалителката. Жалителката поднела дополнителна жалба.
28. Во меѓувреме, стручните лица, вклучително и Н.С., поднеле жалба во која ги оспорувале причините за прекин на кривичната истрага (kriminālprocesa izbeigšanas pamatojums). Тие го оспориле нивниот статус на лица против кои била покрената кривична истрага за незаконско отстранување на ткиво, бидејќи тие во ниедна фаза не биле информирани за ваквата истрага и тврделе дека, како резултат на тоа не можеле да го остварат своето право на одбрана. На 26 јуни 2008 г. со правосилна пресуда на Окружниот суд на Видземе на градот Рига била потврдена нивната жалба (случај бр. 1840000303), а одлуката од 14 април 2008 г. укината и случајот вратен назад на Полицијата. Наодот на судот бил следниов:
„Без разлика на фактот дека одреден дел од трансплантите не биле вратени да бидат искористени за пациенти во Летонија, нема никакви докази во досието на случајот дека биле употребени за нивна преработка во производи или за научни или образовни цели. Затоа, судот смета дека нема докази во досието на случајот дека отстранетото ткиво било искористено за други цели освен за трансплантација...
Нема докази во досието на случајот кои покажуваат дека отстранувањето на ткивото за трансплантација било направено без да се води сметка за одбивањето на починатиот, согласно неговата желба додека бил жив, и како што било заведено согласно законот што бил на сила во релевантното време, или без да се води сметка за одбивањето изразено од неговите најблиски.
Земајќи го во предвид фактот дека законодавните инструменти не наметнуваат никаква обврска за стручните лица кои извршуваат отстранување на ткиво и органи од телата на починатите лица да ги информираат лицата за нивното право да одбијат отстранување на ткиво или орган, судот смета дека стручните лица немале обврска тоа да го сторат; со тоа што не ги информирале роднините на починатиот за нивната намера да отстранат ткиво, стручните лица не ги прекршиле одредбите од [Законот], што бил на сила од 1994 до март 2003. Членот 4 од [Законот] го предвидува правото на најблиските роднини да одбијат да му бидат отстранети органи и/или ткиво од починатиот, но не ја наметнува обврската на стручните лица да им ги објаснат правата на роднините. Со оглед дека не постојат законски инструменти кои наметнуваат обврска за стручните лица да ги информираат роднините за нивната намера да отстранат ткиво и/или органи и да им ги објаснат на роднините нивните права да се спротивстават со тоа што ќе одбијат да дадат согласност, судот смета дека едно лице не може да биде казнето ако не се придржува на обврска која не е јасно дадена во законскиот инструмент што е на сила. Затоа, судот одлучи дека стручните лица со отстранувањето на ткиво и органи од починатиот не го повредиле ... [Законот].
... Судот утврди дека дејствијата на стручните лица не претставувале елементи на кривично дело како што е пропишано во член 139 од Кривичниот закон; затоа може е да се прекине кривичната постапка за ослободување од обвинението - имено согласно основите од членот 377 (2) од Законот за кривична постапка – заради отсуството на елементи на кривично дело.“
29. На 2 јули 2008 г. врховниот обвинител одговорил на жалбата поднесена од жалителката. Таа признала дека истрагата траела долго време заради бројните жалби против одлуките. Меѓутоа, таа не утврдила никакви посебни околности кои би укажале дека таа била непотребно одолговлекувана. Истовремено, таа ја информирала жалителката дека судот на 14 април 2008 г. ја укинал одлуката по жалбата на стручните лица. Понатаму таа изјавила дека новата одлука за прекинување на кривичната истрага била усвоена на 27 јуни 2008 г. и дека жалителката наскоро ќе била соодветно известена.
30. Навистина, жалителката ја примила одлуката од 27 јуни 2008 г. неколку дена подоцна. Во одлуката било повторено дека стручните лица немале никаква законска обврска да информираат некого за правото да се даде согласност или одбие да бидат отстранети органи или ткиво. Членот 4 од Законот го предвидува правото на најблиските роднини да се спротивстават на отстранувањето на органи и ткиво од починатиот, но не наметнува никаква обврска за стручното лице да им ги објаснува нивните права на роднините. Едно лице не може да биде казнето доколку не успее да се придржува на обврска која не била јасно изнесена во законската одредба; стручните лица не го прекршиле Законот. Жалителката поднела дополнителни жалби.
31. На 15 август 2008 г. жалителката одговорила, меѓу другото, дека немало околности кои укажувале на скрнавење на човековото тело. Исто така таа објаснила дека стручните лица вршеле дејствија во врска со незаконско отстранување на ткиво со цел ткивото да се искористи за медицински цели. По отстранувањето на ткивото, друг материјал вообичаено бил ставан за да се обнови визуелниот интегритет на мртвите тела. Затоа кривичната истрага се однесувала на дејствија согласно член 139 од Кривичниот законик, а не согласно членот 228 од Кривичниот законик со кој се уредува скрнавењето на мртво тело.
32. На 10 септември 2008 г. врховниот обвинител одговорил дека немало основи за испитување на дејствијата на лицата кои извршиле отстранување на ткивото согласно членот 228 од Кривичниот закон како скрнавење на мртво тело. Стручните лица постапиле во согласност со упатствата издадени од Министерството за правда, ставајќи друг материјал на местото на отстранетото ткиво. Согласно упатството, ткивото требало да биде отстрането на начин на кој немало да се дозволи осакатување на телото, и ако било потребно после тоа требало да се изврши обновување.
33. На 23 октомври 2008 г. друг виш обвинител на Општото обвинителство одговорил со конечна негативна одлука.
II. РЕЛЕВАНТНИТЕ МЕЃУНАРОДНИ ДОКУМЕНТИ И ДОМАШНОТО ПРАВО
А. Документи на Советот на Европа
34. На 11 мај 1978 г. Комитетот на министри на Советот на Европа усвои Резолуција (78) 29 за усогласување на законодавството на земјите-членки во врска со отстранувањето, пресадувањето и трансплантацијата на човечки супстанци, кој препорача владите на земјите-членки да обезбедат нивните закони да се усогласат со правилата додадени на Резолуцијата или да усвојат одредби за придржување кон овие правила кога се воведува ново законодавство.
Членот 10 од оваа Резолуција предвидува:
„1. Не смее да се отстрани ништо кога постои отворено или претпоставено спротивставување од страна на починатиот, особено, земајќи ги во предвид неговите верски или филозофски убедувања.
2. Во отсуство на експлицитна или имплицитна желба на починатиот може да се изврши отстранување. Меѓутоа, државата може да одлучи дека не може да се изврши отстранување доколку е очигледно дека има спротивставување, откако ќе се спроведе, доколку е можно, разумна истрага за ставовите на семејството на починатиот, а во случај да е надживеан од лице без со правна способност тогаш на неговиот правен застапник; ако починатиот не бил правно способен може да се бара согласноста на неговиот правен застапник.“
35. Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината (Договорот на Советот на Европа бр. 164) е првиот меѓународен договор на полето на биоетиката („Конвенцијата за човекови права и биомедицина“). Таа стапи на сила на 1 декември 1999 г. за државите кои ја имаат ратификувано. Летонија ја потпишала Конвенцијата за човекови права и биомедицина на 4 април 1997 г., ја ратификувала на 25 февруари 2010 г., и истата стапила на сила во Летонија на 1 јуни 2010 г. Конвенцијата за човекови права и биомедицина не важи за отстранување на органи и ткиво од починати лица. Таа се занимава со отстранување на органи и ткиво од живи донатори за трансплантација (членовите 19, 20).
36. Во врска со отстранувањето на органи и ткиво од починати лица бил усвоен Дополнителен протокол за трансплантација на органи и ткиво од човечко потекло (Договор на Советот на Европа, Серија бр. 186), на која упати Владата. Тој стапил на сила на 1 мај 2006 г. за државите кои го имале ратификувано. Летонија ниту го има потпишано, ниту ратификувано овој Протокол.
37. Во релевантните членови од Дополнителниот протокол се вели:
Член 1 - Предмет
„Страните потписнички на овој Протокол ќе го штитат достоинството и идентитетот на сите и ќе му гарантираат секому, без дискриминација, почитување на правото на интегритет и други права и основни слободи во однос на трансплантацијата на органи и ткива од човечко потекло.“
Член 16 – Потврда за смртта
„Органи или ткива не смее да се отстрануваат од телото на починатото лице, доколку за тоа лице не е потврдена смртта во согласност со законот.
Лекарите кои ја потврдиле смртта на лицето не смеат да бидат истите лекари кои непосредно учествуваат во отстранувањето на органи или ткива од починатото лице, или во понатамошните постапки за трансплантација, или пак кои се одговорни за нега на потенцијалните приматели на органи или ткива.
Член 17 – Согласност и одобрување
„Органите и ткивата не смеат да се отстранат од телото на починатото лице, доколку не биде обезбедена согласност или одобрувањето предвидени со закон.
Отстранувањето не смее да се изврши, ако починатото лице претходно се противело на тоа.“
Член 18 – Почитување на човечкото тело
„За време на отстранувањето, со човечкото тело се постапува со почит и се преземаат сите разумни мерки за враќање на изгледот на трупот во првобитната состојба.“
Во релевантните делови од Појаснувачкиот извештај кон Дополнителниот протокол се вели:
Вовед
„2. Целта на Протоколот е да се дефинираат и заштитат правата на донаторите на органи и ткива, било живи или починати, и оние на лицата што примаат инпланти на органи и ткива од човечко потекло.“
Подготовка на Протоколот
„7. Овој Протокол ги проширува одредбите од Конвенцијата за човекови права и биомедицина на полето на трансплантацијата на органи, ткива и клетки од човечко потекло. Одредбите од Конвенцијата се применуваат на Протоколот. Заради полесно консултирање со своите корисници, Протоколот беше изработен на начин да не мора да упатува на Конвенцијата за да се сфати опсегот на одредбите на Протоколот. Меѓутоа, Конвенцијата содржи начела кои Протоколот планира да ги развие. Соодветно на тоа, систематската консултација на двата текста може да се покаже како корисна, а понекогаш и незаменлива.“
Коментари во однос на одредбите од Преамбулата на Протоколот
„13. Преамбулата го нагласува фактот дека Членот 1 од Конвенцијата за човекови права и биомедицина со која се штити достоинството и идентитетот на сите човечки суштества и гарантира почит на интегритетот на сите, формира соодветна основа на која може да се формулираат дополнителни стандарди за заштита на правата и слободите на донаторите, потенцијалните донатори и приматели на органи и ткива.“
Член 1 - Предмет
„16. Овој член утврдува дека предметот на овој Протокол е да го штити достоинството и идентитетот на сите и да му гарантира секому, без дискриминација, почитување на неговото или нејзиното право на интегритет и други права и основни слободи во однос на трансплантацијата на органи и ткива од човечко потекло.
17. Терминот ‘сите’ се користи во членот 1, бидејќи на него се гледа како на најусогласен со исклучок на ембрионски и фетални органи или ткива од опсегот на Протоколот, како што е наведено во членот 2 (види параграф 24 долу). Протоколот исклучиво се занимава со отстранувањето на органи и ткива од некој што бил роден, било сега да е жив или мртов, и инплантирање на органи и ткива од човечко потекло на некој друг кој исто така е роден.“
Член 16 – Потврда за смртта
„94. Според првиот став, смртта на едно лице мора да се утврди пред да му се отстранат органи или ткива ‘согласно законот’. Обврска е на државите законски да дефинираат конкретна постапка за прогласување на смрт кога основните функции сè уште се одржуваат на вештачки начин. Во врска со ова може да се забележи дека во повеќето земји со закон се дефинира концептот и условите на мозочна смрт.
95. Смртта е потврдена од лекари, следејќи утврдена процедура, и само со оваа форма на потврдување на смртта може да дозволи да се изврши трансплантација. Тимот за отстранување мора да провери дали бараната процедура била спроведена пред да се започне со операцијата за вадење. Во некои држави оваа процедура за потврдување на смртта е издвоена од формалното издавање на извод од матичната книга на умрените.
96. Вториот став од членот 16 предвидува важна заштита за починатото лице преку обезбедување на непристрасност во потврдувањето на смртта, со тоа што се бара лекарскиот тим што ќе ја потврди смртта да не биде истиот што бил вклучен во некои од фазите на процесот на трансплантација. Важно е интересите на секое починато лице и последователното потврдување на смртта да бидат и да се сметаат за одговорност на лекарски тим којшто е целосно издвоен од оние што се вклучени во трансплантацијата. Доколку не се успее да се држат овие две функции разделени ќе се стави во опасност довербата на јавноста во системот на трансплантација и може да има негативен ефект на донацијата.
97. За потребите на овој Протокол, новородените вклучително и аненкефални новороденчиња добиваат иста заштита како секое лице и за нив важат истите правила за потврдување на смртта.“
Член 17 – Согласност и одобрување
„98. Членот 17 забранува отстранување на секаков орган или ткиво без лицето кое предлага отстранување на органи или ткиво да добие согласност или одобрување согласно законот. Ова бара од земјите-членки да имаат законски признат систем за утврдување на условите под кои отстранувањето на органи и ткиво е одобрено. Исто така, согласно членот 8, земјите потписнички треба да преземат соодветни мерки за да ја информираат јавноста, за прашањата поврзани со согласноста или одобрувањето во однос на отстранувањето од починатите лица (види став 58 горе).
99. Доколку едно лице изразило желба да даде или да не даде согласност додека биле живи, нивната желба треба да се почитува после нивната смрт. Доколку постои службена можност за евидентирање на овие желби, и лице регистрирало согласност за донација, таквата согласност има предност: отстранувањето треба да се изврши доколку е можно. Во истата смисла, не може да се изврши доколку се знае дека лицето не се согласувало со такво нешто. Исто така консултирањето на службениот регистар за последната желба е валидно само за лица кои се евидентирани таму. Истиот не може да се смета за единствен начин да се потврдат желбите на починатото лице, освен ако евидентирањето не е задолжително.
100. Отстранувањето на органи или ткива може да се спроведе на починато лице кое додека било живо не можело да даде согласност под услов да се обезбедени сите одобрувања согласно законот. Одобрувањето може подеднакво да бара за да се спроведе отстранување од починато лице кое за време на својот живот можело да даде согласност, но не се изјаснило во врска со своите желби околу можното отстранување по смртта.
101. Без да се предвидува воведување на систем, членот соодветно предвидува дека доколку желбите на починатото лице се под знак прашање, тогаш може да се примени националното право за насоки во однос на соодветната постапка. Во некои држави законот дозволува доколку нема експлицитно или имплицитно приговарање на донацијата, може да се спроведе отстранувањето. Во тој случај, законот предвидува средства за изразување на намера, како што е изработка на регистар на приговори. Во некои земји законот однапред не суди за желбите на засегнатите страни и пропишува да се распрашаат роднините и пријателите за да се утврди дали починатото лице поддржувало донирање на органи.
102. Кој и да е системот, доколку желбите на починатиот не се доволно утврдени тимот којшто треба да изврши отстранување на органите мора од претходно да се обиде да добие сведочење од роднините на починатиот. Освен ако националниот закон не уредува поинаку, таквото овластување не треба да зависи од она што претпочитаат самите блиски роднини, дали се за или против донирање на органи и ткиво. Блиските роднини треба да се прашаат само за изразените или претпоставените желби на починатите лица. Изразените ставови на потенцијалниот донатор се оние што се водечки при одлучувањето дали органите или ткивото можат да се отстранат. Земјите-потписнички треба јасно да наведат дали отстранувањето на орган или ткиво може да се изврши доколку желбите на починатото лице не се познати или не можат да се потврдат од роднините или пријателите.
103. Кога едно лице ќе почине во земја во која вообичаено не живее, тимот за отстранување ќе ги преземе сите разумни мерки да ги утврди желбите на починатиот. Во случај на сомнеж, тимот за отстранување треба да ги почитува релевантните закони што важат во земјата во која починатиот вообичаено живее или согласно законите на земјата чиј државјанин е починатиот.“
Член 18 – Почитување на човечкото тело
„104. Мртвото тело законски не се смета за личност, но сепак со него треба да се постапува со почит. Овој член согласно на тоа предвидува дека за време на отстранувањето со човечкото тело треба да се постапува со почит, а после отстранувањето телото треба да се врати во состојба колку што е можно поблиска на неговиот првичен изглед.“
38. Во мај 2002 г. генералниот секретар на Советот на Европа испратил прашалник до земјите-членки на Советот на Европа во врска со законските и практични аспекти поврзани со трансплантацијата.[1] Летонската Влада одговорила на потврден начин на прашањето дали отстранувањето од жив донатор барало одобрение и упатила на членовите 19 и 20 од Конвенцијата за човекови права и биомедицина и членот 13 од Законот за заштита на телото на починатото лице и употребата на човечки органи и ткиво. Тие забележале дека се барала писмена согласност. Во нивниот одговор на прашањето „Каков вид на односи треба да постојат меѓу живиот донатор на органи и примателот?“ тие упатиле на членовите 19 и 20 од Конвенцијата за човекови права и биомедицина. Во својот одговор на прашањето „Какви казни биле предвидени за извршители на кривично дело [на трговија со органи], особено за посредниците или здравствените работници?“ летонската Влада упатила на член 139 од Кривичниот законик (види параграф 53 долу).
Б. Документи на Европската унија
39. На 21 јули 1998 г. Европската група за етика во науката и новите технологии (ЕГЕ)[2] го доставила до Европската комисија Мислењето бр. 11 „За етичките аспекти на работата со човечко ткиво“. Во неговите релевантни делови се вели:
„2.3. Информации и согласност
Набавката на човечки ткива, како принцип, бара претходна информирана и слободна согласност од засегнатото лице. Ова не се применува во случај на набавка на ткиво со налог на судија во контекст на судски, и пред сè кривичните, постапки.
Иако согласноста е суштинско етичко начело во Европа, засегнатите постапки и формите на таква согласност (усна или писмена, со или без сведок, експлицитна или претпоставена, и сл.) се прашање на националното законодавство врз основа на законските традиции на секоја земја.
...
2.3.2 Починати донатори
Согласноста на донатор да му се отстрани ткиво после смртта може да има различни форми во зависност од националните системи („експлицитна“ или „претпоставена“ согласност). Меѓутоа не може да има никакво отстранување на ткиво, со исклучок на судските постапки, доколку засегнатата страна формално се противела додека била жива. Исто така доколку немало никакво изразување на волја и применлив систем за „претпоставена“ согласност, лекарите мораат во рамките на можностите да им дадат можност на роднините или блиските да ги искажат желбите на починатиот и мораат ова да го земат во предвид.
40. Директивата 2004/23/EС на Европскиот Парламент и Советот од 31 март 2004 г. за утврдување на стандарди за квалитет и сигурност за донирање, набавка, тестирање, обработка, зачувување, чување и дистрибуција на човечко ткиво и клетки предвидува:
Член 13 - Согласност
„1. Набавката на човечки ткива или клетки ќе биде одобрена само откако ќе се обезбедат сите задолжителни согласности или одобрувања што се на сила во засегнатата земја-членка.
2. Земјите-членки, во согласност со своето национално законодавство, ги преземаат сите неопходни мерки за да се обезбеди донаторите, нивните роднини или сите други лица кои даваат овластување во име на донаторите да ги добијат сите соодветни информации како што е посочено во Прилогот.“
ПРИЛОГ – ИНФОРМАЦИИТЕ ШТО ТРЕБА ДА СЕ ОБЕЗБЕДАТ ПРИ ДОНИРАЊЕТО НА КЛЕТКИ И/ИЛИ ТКИВА
Б. Починати донатори
„1. Мора да се дадат сите информации и да се добијат сите потребни согласности и одобрувања во согласност со законодавството што е на сила во земјите-членки.
2. Потврдените резултати од проценката на донаторот мора да се пренесат и јасно да се објаснат на релевантните лица во согласност со законодавството на земјите-членки.“
В. Документи на Светската здравствена организација („СЗО“)
41. Водечките принципи на СЗО за трансплантирање на човечки клетки, ткиво и органи (одобрени на шеесет и третото Светско здравствено собрание на 21 мај 2010 г., Резолуција WHA63.22) предвидуваат во релевантниот дел:
Водечки принцип 1
„Клетки, ткива и органи можат да бидат отстранети од телата на починатите лица за трансплантирање доколку:
(а) се добие согласноста што се бара со закон, и
(б) нема причина да се верува дека починатото лице се противело на таквото отстранување.“
Коментар во однос на Водечкиот принцип 1
Согласноста е етички камен темелник на сите медицински интервенции. Националните власти се одговорни за дефинирање на процесот на стекнување и евидентирање на согласноста за донација на клетки, ткиво и органи во согласност со меѓународните етички стандарди, начинот на кој набавката на органи се организира во нивните земји и практичната улога на согласноста како заштита од злоупотреба и повреда на безбедноста.
Дали согласноста за набавка на органи и ткива од починати лица е „експлицитна“ или „претпоставена“ зависи од социјалните, медицинските и културните традиции на секоја земја, вклучително и начинот на кој семејствата се вклучени во одлучувањето за здравствената нега. Во двата системи секаква валидна индикација дека починатите лица биле против отстранување на нивните клетки, ткива или органи после нивната смрт би го спречила таквото отстранување.
Под режим на експлицитна согласност - кој некогаш се нарекува „дозвола“ - клетки, ткива и органи можат да бидат отстранети од починато лице доколку лицето изречно - се согласило со отстранувањето за време на неговиот живот; во зависност од домашното право, таквата согласност може да се даде усно или да се заведе на донаторската картичка, возачката дозвола или личната карта или во здравствениот картон или во регистарот на донатори. Кога починатиот ниту се согласил ниту јасно се спротивставил на отстранување на органи, дозволата треба да се добие од законски посочен сурогат, обично член на семејството.
Другиот систем на претпоставена согласност – наречена „повлекување (или договор за излез)“ – дозволува материјал да се отстрани од телото на починатото лице за трансплантација и во некои земји за анатомска студија или истражување, освен ако лицето се изјаснило дека е против тоа пред смртта со поднесување на приговор до одредена установа или информирани извештаи на страната дека починатиот дефинитивно бил против донирањето. Со оглед на етичката важност на согласноста, еден таков систем треба да обезбеди луѓето да се целосно информирани за политиката и да добијат лесен начин да се повлечат.
Иако изразена согласност не е потребна во системот на повлекување пред отстранувањето на клетки, ткива или органи за починатото лице кое не се спротивставило додека сè уште било живо, програмите за набавки може да не се спремни да постапат доколку роднините лично се спротивставуваат на донацијата; исто така во системите за дозвола програмите вообичаено бараат дозвола од семејството, дури и кога починатиот дал согласност пред смртта. Програмите се поспособни да се потпираат на експлицитната или претпоставената согласност, без да бараат дополнителна дозвола од членовите на семејството, кога сфаќањето и прифатеноста од страна на јавноста на процесот на донирање на клетки, ткива и органи се длабоко вкоренети и недвосмислени. Дури и кога дозволата не се бара од роднините, донаторските програми треба да ја разгледаат медицинската историја и односот на починатиот со членовите на семејството кои го познавале добро, бидејќи точните информации за донаторите помагаат да се зголеми безбедноста на трансплантацијата.
За донирањето на ткиво, кое вклучува нешто помали временски ограничувања, се препорачува секогаш да се бара одобрение од најблиските роднини. Важна поента на која треба да се осврнат е начинот на кој изгледот на телото на починатиот ќе биде обновен по отстранувањето на ткивото.“
Г. Домашното право
1. Закон за заштита на телото на починатото лице и употреба на човечки органи и ткива
42. Законот за заштита на телото на починатото лице и за користење на човечки органи и ткиво (likums “Par miruša cilvēka ķermeņa aizsardzību un cilvēka audu un orgānu izmantošanu medicīnā” – „законот“) кој бил на сила во релевантното време (со измените и дополнувањата кои биле на сила од 1 ноември 1995 г. до 31 декември 2001 г.), во членот 2 уредувал дека секое лице со правна способност има право да се согласи или спротивстави на писмено на употреба на неговото тело после смртта. Изразената желба, освен ако истата не е спротивна на законот, е обврзувачка.
43. Членот 3 предвидува дека само одбивање или согласност да се користи неговото тело после смртта, кое е потпишано од лице со правна способност, заведена во неговиот здравствен картон и заверена со посебен печат во неговиот или нејзиниот пасош има правна важност. Секторот за здравство при Министерството за социјална грижа е одговорен за пропишување на постапката за евидентирање на одбивање или согласност во здравствениот картон на лицето (согласност со состојбата што следела по законските измени и дополнувања кои стапиле на сила на 1 јануари 2002 г., Petrova v. Latvia, no. 4605/05, § 35, 24 June 2014).
44. Согласно членот 4, насловен како „Правата на најблиските роднини“, органи и ткива на починатото лице не можат да бидат отстранети против неговите или нејзините желби изразени додека бил/а жив/а. Во отсуство на изразена желба отстранувањето може да се спроведе доколку ниеден од најблиските роднини (деца, родители, браќа, сестри или сопруг/а) не се спротивстават. Трансплантацијата може да се спроведе по биолошка или мозочна смрт на потенцијалниот донатор (член 10).
45. Поконкретно членот 11 од Законот уредува дека органи и ткиво од починат донатор можат да се отстранат заради трансплантација, доколку лицето не се спротивставило на таквото отстранување за време на неговиот живот и доколку неговите или нејзините најблиски роднини не го забраниле тоа.
46. По основ на преодната одредба од Законот, печат во пасошот на лицето ставен пред 31 декември 2001 со кој се изразува одбивање или согласност за користење на неговото или нејзиното тело по неговата или нејзината смрт има правна важност до издавањето на нов пасош или поднесување на барање до Бирото за државјанство и мигрантски прашања.
47. Членот 17 предвидува дека државата е одговорна за заштита на телото на починатото лице и за користење на органи или ткива за медицински цели. Во материјалното време оваа функција била доверена на Секторот за здравство при Министерството за социјална грижа (од 1 јануари 2002 г. - Министерството за социјална грижа, од 30 јуни 2004 г. – Министерството за здравство). Ниедна организација или тело не може да изврши отстранување на органи и ткива и да ги употреби без овластување издадено од Секторот за здравство (од 1 јануари 2002 г. - Министерот за социјална грижа, од 30 јуни 2004 г. – Министерот за здравство).
48. Членот 18 го забранува изборот, трансплантацијата и употребата на отстранети органи и ткива за комерцијални цели. Тој предвидува дека отстранувањето на органи и ткива од живо или починато лице може да се спроведе само со строго почитување за изразената согласност или одбивање на тоа лице.
49. Членот 21 предвидува Обвинителството да врши надзор на придржувањето на овој Закон (став 1). Секторот за здравство при Министерството за социјална грижа и други надлежни тела се одговорни за следење на законитото користење на човечко ткиво и органи (став 2). Со измените и дополнувањата кои стапиле на сила на 1 јануари 2002 г., ставот 1 е укинат; останатиот став предвидува Министерството за социјална грижа да е одговорно за проверка на компатибилноста на употребата на човечки ткива и органи со законот и други правни инструменти. Од 30 јуни 2004 г. со оваа задача е задолжено Министерството за здравство. Конечно, од 27 август 2012 г. овој член е укинат во целост.
50. На 2 јуни 2004 г. измените и дополнувањата на членовите 4 и 11 од Законот биле усвоени од Парламентот и стапиле на сила на 30 јуни 2004 г. Од тој датум натаму, членот 4 предвидува дека доколку не се евидентирани никакви информации во Матичната книга на населението за одбивање или согласност на починатото лице за користење на неговото или нејзиното тело, органи или ткива после смртта, најблиските роднини имаат право да ги информираат здравствените институции на писмено за желбите на починатите лица изразени додека биле живи. Членот 11 предвидува дека органи и ткива од телото на починатото лице можат да бидат отстранети за трансплантација доколку не се забележани никакви информации во Матичната книга на населението за одбивање или согласност на починатото лице за користење на неговите или нејзините органи или ткива од телото после смртта и ако најблиските роднини на починатиот пред започнувањето со трансплантацијата ја информирале здравствената установа на писмено за тоа дека починатото лице одбивало додека било живо да се употребат неговите органи и ткива од телото по неговата смрт. Забрането е да се отстранат органи и ткиво од телото на умрено дете за трансплантација освен ако неговите родители или законски старател не дале писмена согласност.
2. Пропис на Кабинетот на министри бр. 431 (1996)
51. Овој пропис (Noteikumi par miruša cilvēka audu un orgānu uzkrāšanas un izmantošanas kārtību medicīnā) предвидува дека отстранувањето на органи и ткиво може да се спроведе по биолошката или мозочната смрт на едно лице доколку во неговиот пасош и здравствен картон има печат со кој се означува согласност за такво отстранување (став 3). Во отсуство на таков печат, одредбите од Законот (види горе) треба да се почитуваат.
3. Правен пропис на МЕДЕККИ
52. Правниот пропис на Инспекторатот за контрола на квалитетот на здравствената нега и работната способност („МЕДЕККИ“) во летонското право е сумиран во случајот на Л.Х. против Летонија (L.H. v. Latvia (no. 52019/07, §§ 24-27, 29 April 2014)). За потребите на овој случај доволно е да се забележи дека неговите прописи – одобрени од Кабинетот на министри (Пропис бр. 391 (1999), кој бил на сила од 26 ноември 1999 до 30 јуни 2004) – предвидувале меѓу другото дека една од главните функции на МЕДЕККИ била да го следи професионалниот квалитет на здравствената нега во здравствените институции.
4. Одредби од кривичното право
53. Членот 139 од Кривичниот законик (Krimināllikums) предвидува дека незаконското отстранување на органи или ткиво од живи или починати луѓе за да се искористат за медицински цели е кривично дело доколку истото е извршено од здравствен работник.
54. Релевантните одредби што се однесуваат на правата на граѓанските странки во кривичните постапки согласно поранешниот Закон за кривична постапка (Latvijas Kriminālprocesa kodekss) (кој бил на сила до 1 октомври 2005) се опишувани во Лигерес против Летонија (Liģeres v. Latvia no. 17/02, §§ 39-41, 28 June 2011) и Пундурс против Летонија (Pundurs v. Latvia (dec.), no. 43372/02, §§ 12-17, 20 September 2011).
55. Исто така во релевантните одредби во врска со правата на граѓанските странки во кривичните постапки согласно Законот за кривична постапка (Kriminālprocesa likums) (на сила од 1 октомври 2005) кои биле на сила во материјалното време се вели:
Член 22 – Правото на надоместок за штета
„На лице кое претрпело психолошка болка, физичка повреда или материјална загуба како резултат на кривично дело ќе му се гарантираат процедурални можности да побара и добие надоместок за материјална и нематеријална штета.“
Член 351 – Барање за надоместок
„(1) Повредената странка ќе има право да поднесе барање во врска со надоместок за штета предизвикана во која било фаза од кривичните постапки сè до започнувањето на судската истрага во првостепен суд. Барањето ќе содржи оправдување за износот на надоместокот што се бара.
(2) Барање може да се поднесе на писмено или да се искаже усно. Усното барање ќе биде забележано од лицето кое ги води постапките.
(3) За време на претходната постапките, јавниот обвинител ќе го посочи поднесокот на барање и износот на бараниот надоместок, како и неговото или нејзиното мислење за тоа во документот во врска со завршувањето на претходната постапките.
(4) Доколку не се потврди кривичната одговорност на лицето, тоа нема да биде пречка за поднесување на барање за надоместок.
(5) Оштетената страна има право да го повлече поднесеното барање за надоместок во секоја фаза од кривичната постапка до моментот кога судот ќе се повлече да усвои пресуда. Одбивањето на надоместок од страна на жртвата не може да претставува основ за отповикување или измена на обвинението или за ослободување.“
5. Правото да се добие надоместок
56. Членот 92 од Уставот (Satversme) предвидува, меѓу другото, дека „секое лице чии права се повредени а за кои нема оправдување има право на соодветен надоместок.“
57. Домашните правни одредби во врска со надоместокот за материјална и нематеријална штета согласно Граѓанскиот законик (Civillikums) (пред и по измените кои стапиле на сила на 1 март 2006) се во целост цитирани во Заволока против Летонија (Zavoloka v. Latvia no. 58447/00, §§ 17-19, 7 July 2009). Членовите 1635 и 1779 дополнително се опишани во случајот на Холоденко против Летонија (Holodenko v. Latvia no. 17215/07, § 45, 2 July 2013).
58. Согласно членот 92 од Законот за управна постапка (Administratīvā procesa likums) кој е на сила од 1 февруари 2004 г., секој има право да добие соодветен надоместок за материјална и нематеријална штета предизвикана со управен акт или дејствие на јавен орган. Согласно членот 93 од истиот Закон, барање на надоместок може да се поднесе или заедно со барањето до управните судови за прогласување на некој управен акт или дејствие на јавен орган за незаконски, или до засегнатиот јавен орган по усвојување на пресуда во таква постапка. Согласно членот 188, жалба до управен суд во врска со управен акт или дејствие на јавен орган мора да се поднесе во рок од еден месец или една година во зависност од околностите. Во врска со дејствието на јавниот орган, рокот од една година трае од денот на кој жалителот ќе открие дека било извршено такво дејствие. Конечно согласно членот 191 (1) жалбата треба да биде одбиена доколку поминале повеќе од три години од моментот кога жалителот открил или требало да открие дека имало такво дејствие. Ова временско ограничување не подложи на продолжување (atjaunots).
59. Износот на надоместокот и процедурата за барање надоместок од јавен орган на сметка на незаконски управен акт или незаконско дејствување на јавен орган е пропишан со Законот за надоместок на штети предизвикани од јавен орган (Valsts pārvaldes iestāžu nodarīto zaudējumu atlīdzināšanas likums) кој е на сила од 1 јули 2005 г. Глава III од Законот предвидува да се спроведе постапката кога едно лице бара надоместок за штета од јавен орган. Согласно членот 15 едно лице има право да поднесе жалба до јавниот орган кој бил одговорен за штетата. Согласно членот 17 таквата жалба мора да биде поднесена не подоцна од една година од датумот кога лицето станало свесно за штетата и во секој случај не подоцна од пет години по датумот на незаконскиот управен акт или незаконското дејствие на јавниот орган.
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
60. Жалителката се жалеше во суштина согласно членот 8 од Конвенцијата прво дека отстранувањето на ткиво од нејзиниот маж било извршено без претходна согласност од него или од жалителката. Второ, таа се жалеше дека – во отсуство на таква согласност – неговото достоинство, идентитет и интегритет биле повредени, а со неговото тело било постапувано без почит.
61. Членот 8 од Конвенцијата го вели следново:
„1. Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2. Јавните власти не смеат да се мешаат во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање не е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, или економската благосостојба на земјата, спречување на нереди или кривично дело, заштитата на здравјето или моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.“
62. Владата отфрли дека имало повреда на тој член.
А. Прелиминарни прашања
63. Судот мора да започне со проверката дали тој е надлежен ratione personae да ја испита жалбата на жалителката; ова прашање бара да биде разгледано по службена должност од страна на Судот (види Sejdić and Finci v. Bosnia and Herzegovina [GC], nos. 27996/06 and 34836/06, § 27, ECHR 2009).
64. Пристапот на Судот што се однесува на посредните и непосредните жртви неодамна беше сумиран во случајот на Центарот за правни ресурси во име на Валентин Кампеану против Романија (Centre for Legal Resources on behalf of Valentin Câmpeanu v. Romania [GC], no. 47848/08, §§ 96-100, 17 July 2014) што следи (без упатувањата):
„(i) Директни жртви
96. За да е во можност да поднесе жалба согласно членот 34, едно лице мора да може да покаже дека тој или таа бил/а „директно погоден/а“ од мерката на која се жали (...). Ова е незаменливо за покренување на заштитните механизми на Конвенцијата, иако овој критериум не треба да се применува на ригиден, механички и нефлексибилен начин во текот на постапките (...).
Исто така согласно праксата на Судот и членот 34 од Конвенцијата, жалбите можат да бидат поднесени само во име на лица кои биле живи (...). Оттука, во низа случаи каде директната жртва починала пред поднесувањето на жалбата, Судот не прифаќал дека директната жртва, дури и кога имала застапник, имала позиција на жалител согласно членот 34 од Конвенцијата (...).
(ii) Индиректни жртви
97. Случаите од гореспоменатиот тип се разликуваат од случаите во кои на наследниците на жалителот им било дозволено да ја преземат жалбата која веќе била поднесена. Изворот за ова прашање е Ферфилд и други (...) каде ќерката поднела жалба по смртта на својот татко, тврдејќи дека имало повреда на неговите права на слобода на мислење, вера и изразување (членовите 9 и 10 од Конвенцијата). Иако домашните судови ѝ дозволиле на г-а Ферфилд да продолжи со жалбата по смртта на нејзиниот татко, Судот не го прифати статусот на жртва на ќерката и направи разлика меѓу овој случај и ситуацијата во случајот на Далбан против Романија (...), во кој жалбата била поднесена од самиот жалител и чија вдовица продолжила со истата дури откако починал.
Во врска со ова Судот направи разлика меѓу жалбите во кои директната жртва починала откако жалбата била поднесена до Судот и оние кај кои жртвата веќе била почината.
Кога жалителот ќе почине по поднесувањето на жалбата, Судот прифаќа во принцип близок роднина или наследникот да ја преземе жалбата, под услов тој или таа да има доволен интерес во случајот (...).
98. Меѓутоа состојбата варира кога директната жртва ќе почине пред да биде поднесена жалбата до Судот. Во такви случаи Судот, упатувајќи на автономно толкување на концептот „жртва“, покажал подготвеност да ја препознае позицијата на еден роднина, било кога жалбите покренуваат прашање од општ интерес поврзан со „почитувањето на човекови права“ (член 37 § 1 in fine од Конвенцијата), а жалителите како наследници имале легитимен интерес да ја продолжат постапката со жалбата, или врз основа на директните последици по правата на самиот жалител (...). Последниве случаи, може да се забележи, биле изнесени пред Судот после или поврзано со домашните постапки во кои самата директна жртва учествувала додека била жива.
Оттука Судот ја препознал позицијата да роднина на жртвата може да поднесе жалба кога жртвата починала или исчезнала во услови кои наводно се поврзани со одговорност на државата (...).
99. Во Варнава и други (...) жалителите поднеле жалби, секој во сопствено име и во име на своите исчезнати роднини. Судот не сметал дека е неопходно да одлучува дали исчезнатите мажи требале или не требале да добијат статус на жалител, бидејќи во секој случај блиските роднини на исчезнатите мажи имале право да поднесат жалби во врска со нивното исчезнување (...). Судот го разгледал случајот врз основа на тоа дека роднините на исчезнатите мажи биле жалители во однос на членот 34 од Конвенцијата.
100. Во случаи во кои наводната повреда на Конвенцијата не била тесно поврзана со исчезнувања или смрт поврзани си прашања кои потпаѓаат под членот 2, пристапот на Судот е повеќе од рестриктивен, како во случајот на Санлес Санлес против Шпанија (...), којшто бил поврзан со забраната на помогнато самоубиство. Судот сметал дека правата на кои се повикал жалителот согласно членовите 2, 3, 5, 8, 9 и 14 од Конвенцијата ѝ припаѓале на категоријата на непреносливи права и затоа заклучил дека жалителката, која била снаа на починатиот и законски наследник, не можела да тврди дека е жртва на повреда во име на нејзиниот починат зет. До истиот заклучок се дошло и во однос на жалбите согласно членовите 9 и 10 изнесени од ќерката на наводната жртва (...).
Во други случаи во врска со жалби согласно членовите 5, 6 и 8, Судот доделувал статус на жртва на блиски роднини и им дозволувал да поднесат жалба кога ќе покажале морален интерес за починатата жртва да биде ослободена од секаква пресуда за вина (...) или во заштита на нивниот углед и угледот на нивното семејство (...), и кога ќе покажеле материјален интерес врз основа на директни последици по нивните материјални права (...). Постоењето на општ интерес кој бара постапка за разгледување на жалбите исто така било земено во предвид (...).
Учеството на жалителката во домашните постапки било утврдено дека било само еден од неколкуте релевантни критериуми (...).“
65. Што се однесува до првиот дел од жалбата, Судот смета дека жалителката соодветно демонстрирала дека таа била директно погодена од отстранувањето на ткиво од нејзиниот починат сопруг без нејзина согласност (види, исто така, Петрова, цитиран горе, § 56). Судот оттука е задоволен дека жалителката може да се смета за „директна жртва“ во таа смисла (види параграф 60 горе). Меѓутоа што се однесува до жалбата на жалителката за недостаток на согласност на нејзиниот починат сопруг, Судот смета дека се работи за некомпатибилно ratione personae во рамки на значењето на членот 35 § 3 (a) од Конвенцијата и затоа мора да се одбие во согласност со членот 35 § 4 од Конвенцијата.
66. Што се однесува до вториот дел од жалбата, Судот забележува дека жалителката заклучила дека ова ги засегало правата на нејзиниот покоен сопруг. Соодветно на тоа и тоа морало да се одбие како некомпатибилно ratione personae во согласност со член 35 §§ 3 (а) и 4 од Конвенцијата.
67. Конечно, Судот забележува дека во одредени аспекти вториот дел од жалбата се поклопувал со жалбата на жалителката согласно членот 3 од Конвенцијата и Судот, соодветно на тоа, ќе ја разгледа долу во однос на правата на жалителката.
Б. Допуштеност
1. Изјаснување на странките
68. Владата призна дека жалбата на жалителката потпаѓала во опсегот на „приватен живот“ согласно членот 8 од Конвенцијата, но тие не прифатија дека се однесувала на „семејниот живот“.
69. Најпрво, потпирајќи се одлуката на Судот во случајот Грисанкова и Гришанковс против Летонија (Grišankova and Grišankovs v. Latvia (dec.), no. 36117/02, ECHR-2003 II (извадоци)), Владата тврдеше дека жалителката не ги исцрпила домашните правни лекови. Тие сметаа дека жалителката требала да поднесе жалба до Уставниот суд, бидејќи отстранувањето на ткиво од нејзиниот покоен сопруг било извршено во согласност со постапка утврдена во членовите 4 и 11 од Законот. Таа требала да го покрене прашањето на придржување кон законските одредби од Уставот на Летонија.
70. Второ, Владата тврдеше дека жалителката не поднела жалба до МАДЕККИ. Владата посочи дека во материјалното време МАДЕККИ било телото надлежно да ги разгледа жалбите на жалителката, бидејќи неговата функција била да го следи професионалниот квалитет на здравствената нега во здравствените установи. Владата се изјасни дека истрагата на МАДЕККИ за придржувањето кон постапката за отстранување на ткиво во домашното право била неопходен предуслов за спроведување на сите граѓански или кривични постапки против одговорните лица. Тие не обезбедиле никакви дополнителни информации во врска со ова.
71. Трето, Владата се изјасни дека жалителката можела да се повика на членот 1635 од Граѓанскиот законик (во сила од 1 март 2006) и да побара надоместок за материјална и нематеријална штета пред граѓанските судови. Владата даде некои примери од домашната судска пракса во врска со жалбата по член 1635 во пракса. Тие упатуваат на постапките во случајот PAC-714 (покренат на 7 февруари 2005), каде жалителката барала надоместок за нематеријална штета од болницата каде се породила и каде ѝ било извршено подврзување на јајцеводите (хируршка контрацепција) без нејзина согласност (види Л.Х. против Летонија, цитиран горе, § 8). На 1 декември 2006 г. оваа жалба била потврдена и жалителката добила надоместок за физичка повреда и психолошка болка во износ од 10.000 летонски лати (ЛВЛ) за незаконско стерилизирање согласно членот 2349 од Граѓанскиот законик. Оваа пресуда станала правосилна на 10 февруари 2007. Владата исто така упатила на еден од случаите од „Талси трагедијата“ (покренат на 15 септември 2006), кога на 16 март 2010 апелациониот суд доделил надоместок што требал да го исплати државата во износ од 10.000 ЛВЛ во врска со инцидентот од 28 јуни 1997 г. во Талси каде, заедно со други деца, починала и ќерката на жалителот. Правосилната одлука во овој случај била усвоена на 28 септември 2011 г. Владата не обезбедила копии од одлуките во последниов случај.
72. Жалителката не се согласуваше. Таа сметаше дека нејзината жалба потпаѓала во опсегот на приватниот и семеен живот согласно членот 8 од Конвенцијата.
73. Како одговор на првиот правен лек цитиран од Владата – правен лек пред Уставниот суд - жалителката посочи дека надлежноста на судот била ограничена на разгледување на придржување кон Уставот и други правни инструменти. Жалителката тврдеше дека отстранувањето на ткивото било спротивно на членовите 4 и 11 од Законот; таа не сметаше дека овие одредби се спротивни на Уставот. Случајот на Гришанковс и Гришанкова се однесувал на формулацијата на Законот за образование. Меѓутоа овој случај се однесувал на поединечен акт - отстранување на ткиво од телото на нејзиниот сопруг. Исто така, жалителката тврдеше дека доколку некоја од одредбите од Законот навистина не биле компатибилни со Уставот, кривичниот суд, вишиот обвинител или Кабинетот на министри требале и можеле самите да поднесат жалба до Уставниот суд.
74. Како одговор на вториот правен лек цитиран од Владата, имено жалба до МАДЕККИ, жалителката се изјасни дека тоа немало да биде надлежното тело. Отстранувањето на ткиво не потпаѓало под здравствена нега. Жалителката упати на членот 21 од Законот и објасни дека во релевантното време за надзорот било одговорно Обвинителството (види параграф 49 горе).
75. Како одговор на третиот правен лек цитиран од Владата, жалителката тврдеше дека Центарот за судска медицина бил државна установа под надзор на Министерството за здравство. Од стапувањето на сила на Законот за управна постапка на 1 февруари 2004 г. управните акти и дејствија на јавните органи подложеле на судски претрес од страна на управните судови. Оттука жалба против дејствија на јавните органи – отстранување на ткиво од телото на сопругот на жалителката – можела да биде поднесена до управните судови. Упатувајќи на прописите на Центарот за судска медицина, жалителката забележа дека дејствијата на неговите вработени подложеле на жалба пред неговиот директор, чии одлуки или дејствија понатаму подложеле на судска ревизија од управните судови. Меѓутоа жалбите согласно Законот за судска постапка би биле временски ограничени во случајот на жалителката до моментот кога ќе била усвоена одлука во кривична постапка. Жалителката заклучи дека дејствијата на стручното лице не можеле да бидат подложени на судски претрес пред граѓанските судови.
76. Жалителката исто така посочи дека износот на надоместокот и постапката за барање на надоместок од јавните власти на сметка на незаконски управен акт или незаконско дејствие од јавен орган биле пропишани со Законот за надоместок за штета предизвикана од јавен орган, а не со Граѓанскиот законик. Дејствието според претходниот закон исто така би било и временски ограничено.
77. Конечно, дури и ако жалителката поднела граѓанска жалба согласно членот 1635 од Граѓанскиот законик против стручните лица кои го отстраниле ткивото од телото на нејзиниот сопруг, како што сугерирала Владата, таа немала да успее бидејќи во кривичните постапки било утврдено дека тие не биле виновни. Жалителката исто така посочила дека примерите од домашната судска пракса на кои упатила Владата не можеле да се споредат со нејзиниот случај. Во првиот случај граѓанските постапки биле покренати против приватна болница, а не против државна установа. Во вториот случај засегнатите настани, кои датирале од 1997 г., долго пред Законот за управна постапка и Законот за надоместок на штети предизвикани од јавни органи да стапат на сила. Дополнително, во тоа време, Законот за граѓанска постапка содржел глава за парници за основаноста која произлегувала од управните односи, а која била заменета со стапувањето на сила на Законот за управна постапка.
2. Оценка на Судот
(а) Неисцрпеност
78. Што се однесува до тоа дека Владата упати на уставната жалба како правен лек релевантен за околностите на жалителката, Судот смета дека таквата жалба не можела да претставува делотворно средство за заштита на правата на жалителката согласно членот 8 од Конвенцијата заради следниве причини.
79. Судот веќе го разгледа опсегот на разгледување на Уставниот суд во Летонија (види Grišankova and Grišankovs, цитиран горе; Liepājnieksv. Latvia (dec.), no. 37586/06, §§ 73-76, 2 November 2010; Savičs v. Latvia, no. 17892/03, §§ 113-117, 27 November 2012; Mihailovs v. Latvia, no. 35939/10, §§ 157-158, 22 January 2013; Nagla v. Latvia, no. 73469/10, § 48, 16 July 2013; и Latvijas jauno zemnieku apvienība v. Latvia (dec.), no. 14610/05, §§ 44-45, 17 December 2013).
80. Судот забележа дека Уставниот суд, меѓу другото, ги разгледал поединечните жалби со кои се оспорувала уставноста на некоја правна одредба или нејзиното придржување на одредба која има надредена правна сила. Една поединечна уставна жалба може да се поднесе против правна одредба само кога лицето смета дека одредбата во прашање ги повредува неговите или нејзините основни права како што е втемелено во Уставот. Постапката за индивидуална уставна жалба затоа не може да послужи како делотворен правен лек доколку наводната повреда произлегла само од погрешна примена или толкување на правна одредба која, по својата содржина, е неуставна (види Latvijas jauno zemnieku apvienība, цитиран горе, §§ 44-45).
81. Во актуелниот случај, Судот смета дека жалбата на жалителката во врска со отстранувањето на ткивото не е поврзана со компатибилноста на една законска одредба со друга законска одредба која превладува. Владата тврдеше дека отстранувањето на ткивото се случило во согласност со постапка утврдена со закон. Жалителката од своја страна не ја оспори уставноста на оваа постапка. Наместо тоа, таа тврдеше дека отстранувањето на ткивото од телото на нејзиниот сопруг претставувало индивидуален акт којшто бил спротивен на членовите 4 и 11 од Законот. Судот утврди дека жалбата на жалителката е поврзана со примената и толкувањето на домашното право, особено во контекст на отсуството на секакви релевантни административни прописи; не може да се каже дека произлегле некакви прашања на компатибилност. Во такви околности Судот смета дека жалителката не морала да го исцрпи предложениот правен лек.
82. Судот го разбира аргументот на Владата во врска со проверката на МАДЕККИ (види параграф 70 горе), бидејќи главно се однесува на граѓанските правни лекови; Судот ќе го разгледа веднаш. Не е јасно од доказите за случајот дали МАДЕККИ спровеле некаква проверка во однос на кривичните постапки во актуелниот случај (спротивно на Петрова, цитиран горе, § 15). Во секој случај не се чини дека некакво испитување од страна на МАДЕККИ било неопходно за да се покрене кривична постапка. Како што стојат работите не е релевантно дека жалителот не поднел посебна жалба до МАДЕККИ, доколку се жалела на сите одлуки усвоени од истражните и обвинителните органи, чија задача вообичаено е да се утврди дали било извршено некакво кривично дело.
83. Што се однесува до можноста за поднесување на граѓанска жалба за обесштетување во случајот на Калвели и Чиљо против Италија (Calvelli and Ciglio v. Italy, [GC], no. 32967/96, § 51, ECHR 2002‑I) Судот одлучил:
„Во дадената сфера на лекарска небрежност обврската може на пример исто така да се задоволи доколку правниот систем на жртвите им понуди правен лек во граѓанските судови, било сам или поврзано со правен лек во кривичните судови, за да се овозможи да се утврди одговорноста на засегнатите лекари и да се добие некаков соодветен граѓански надоместок, како што е налог за обесштетување и објавување на одлуката. Исто така можат да се предвидат и дисциплински мерки.“
84. Судот понатаму се произнесе дека ова начело се применува кога повредата на правото на живот или личен интегритет не е предизвикана намерно (види Vo v. France [GC], no. 53924/00, § 90, ECHR 2004‑VIII, и Öneryıldız v. Turkey [GC], no. 48939/99, § 92, ECHR 2004‑XII).
85. Меѓутоа, Судот исто така утврди дека во случај кога има низа домашни правни лекови кои едно лице може да ги искористи, тоа лице има право да избере правен лек што се осврнува на неговиот проблем (види Jasinskis v. Latvia, no. 45744/08, § 50, 21 December 2010). Судот забележува дека жалителката првично не била свесна за фактот дека на нејзиниот сопруг му било отстрането ткиво; таа дознала за тоа дури откако Полицијата започнала кривична истрага во врска со тоа. Последователно, таа ги искористила можностите за барање отштета по пат на кривична постапка – таа била прогласена за оштетена страна во овие постапки и поднела различни жалби пред истражните и обвинителните власти. Кривичниот правен лек можел да доведе до наод дека отстранувањето на органи од нејзиниот сопруг било направено спротивно на домашната постапка, и дека нејзиното право како најблизок роднина било повредено. Конечно можело да доведе до доделување на надоместок со оглед дека летонскиот правен систем ги препознава правата на жртвите да поднесат граѓанска жалба во кривична постапка и да побараат надоместок за претрпената штета како резултат на кривично дело (види параграфи 54 и 55 горе). Во такви околности нема ништо што може да сугерира дека жалителката можела легитимно да очекува дека привичниот правен лек не би бил делотворен во нејзиниот случај.
86. Судот смета дека жалителката не била обврзана да поднесе до граѓанските судови посебно, дополнително барање за надоместок, што исто така можело да доведе до наод дека отстранувањето на органите од нејзиниот сопруг било направено спротивно на домашната постапка и дека нејзините права како најблизок род биле прекршени (види, исто така, Sergiyenko v. Ukraine, no. 47690/07, §§ 40-43, 19 April 2012; Arskaya v. Ukraine, no. 45076/05, §§ 75-81, 5 December 2013; и Valeriy Fuklevv. Ukraine, no. 6318/03, §§ 77-83, 16 January 2014, каде жалителите немало потреба да поднесат посебни граѓански жалби за наводна несовесно лекарско постапување). Судот заклучува дека жалителката ги исцрпила достапните домашни правни лекови со тоа што го искористила кривичниот правен лек.
87. Во контекст на горенаведените заклучоци, Судот не смета дека било неопходно да се осврне на аргументот на Владата дека било неопходно МАДЕККИ да го испита случајот за да се покрене граѓанска постапка. Ниту пак смета дека било потребно да го испита аргументот на жалителката дека нејзината жалба согласно Законот за управна постапка и Законот за надоместок за штети предизвикани од јавните власти била со временско ограничување и дека нејзината жалба согласно Граѓанскиот законик немала да биде успешна.
(б) Применливост
88. Судот забележува дека иако Владата не ја прифатила жалбата на жалителката во врска со прашањето на „семеен живот“, тие не оспорувале дека истата потпаѓала во опсегот на „приватен живот“ согласно членот 8 од Конвенцијата.
89. Судот повторува дека концептите на приватен и семеен живот се широки термини кои не подложат на исцрпна дефиниција (види Hadri-Vionnet v. Switzerland, no. 55525/00, § 51, 14 February 2008). Во случајот на Пануло и Форте против Франција (Pannullo and Forte v. France no. 37794/97, § 36, ECHR 2001-X), Судот сметал дека претераното одолговлекување од страна на властите во враќањето на телото на нивното дете по аутопсијата значело попречување на приватниот и семејниот живот на жалителите. Исто така било одлучено дека одбивањето на истражните власти да ги вратат телата на починатите лица на нивните роднини претставувало попречување на приватниот и семејниот живот на жалителите (види Sabanchiyeva and Others v. Russia, no. 38450/05, § 123, ECHR 2013 (извадоци) и Maskhadova and Others v. Russia, no. 18071/05, § 212, 6 June 2013). Меѓутоа тоа прашање не се јавува во актуелниот случај и слична жалба не била поднесена. Судот забележува дека нема никаков спор меѓу странките дека правото на жалителката – утврдено согласно домашното право – да изрази согласност или одбивање во однос на отстранувањето ткивото од нејзиниот сопруг потпаѓало во опсегот на членот 8 од Конвенцијата што се однесува до приватниот живот. Судот не гледа причина да одлучи поинаку и оттука смета дека овој член може да се примени во околностите на овој случај.
(в) Заклучок
90. Судот забележува дека жалбата на жалителката – што се однесува до отстранувањето на ткивото од нејзиниот починат сопруг без нејзина согласност – не е евидентно лошо заснована во рамките на значењето на членот 35 § 3 (а) од Конвенцијата. Понатаму забележува дека не е недопуштена по некој друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена.
В. Основаност
1. Изјаснување на странките
91. Жалителката сметаше дека отстранувањето на ткиво од нејзиниот сопруг без нејзина согласност претставувало мешање во нејзиниот приватен живот. Таа тврдеше дека била спречена да ги изрази своите желби во врска со отстранувањето на ткиво од телото на нејзиниот починат сопруг. Таа дури и не била информирана за овој наметнат факт. Жалителката исто така се изјасни дека стручното лице не можело да потврди постоење на печат во пасошот на нејзиниот сопруг затоа што истиот бил во нивниот дом во Сигулда и оттука недостапен за стручното лице.
92. Најпрво, потпирајќи се на случајот Хоканен против Финска (Hokkanen v. Finland, 23 September 1994, § 55, Series A no. 299‑A), жалителката тврдеше дека мешањето не било во согласност со законот и немало легитимна цел. Жалителката упати на членовите 4 и 11 од Законот и тврдеше дека системот на „експлицитна согласност“ почнал да функционира во Летонија во 2001 г.. Жалителката сметаше дека стручните лица требале да се распрашаат дали најблиските роднини се согласувале или противеле на отстранување на ткиво и дека тие имале обврска тоа да го сторат согласно гореспоменатите одредби. Таа тврдеше дека целта на Законот била да се заштити телото на починатото лице и дека било неопходно оваа цел да се земе во предвид при толкувањето на неговите одредби. Во однос на ова, таа исто така упати и на меѓународни материјали (види параграф 37 горе). Конечно, измените и дополнувањата на Законот од 2004 г демонстрирале дека претходно превладал системот на „експлицитна согласност“. Одлуката во врска со системот на „експлицитна“ и „претпоставена“ согласност во Летонија само што започнал да се применува во времето кога кривичната истрага била започната во овој случај. Како резултат, значителни законски измени и дополнувања биле усвоени од Парламентот во 2004 г. (види параграф 50 горе). Жалителката дури се изјасни дека дури и после овие измени и дополнувања релевантните законски одредби и понатаму не биле сосема јасни, но нивната формулација била изменета за да се утврди системот на „претпоставена согласност“.
93. Жалителката понатаму тврдеше дека домашното право не било предвидливо во неговата примена, бидејќи не нудело можност за роднините да се спротивстават на отстранувањето на ткиво. Таа упати на различни наоди од страна на домашните власти дека законските одредби биле нејасни (види, на пример, параграф 28 горе) и забележа дека неколку обвинители сметале дека законот навистина бил прекршен (види, на пример, параграфи 22, 24 и 27 горе). Жалителката сметаше дека експертите го искористиле недостатокот на јасност за нивна сопствена потреба и од тоа имале финансиска корист. Жалителката заклучи дека отстранувањето на ткиво од телото на нејзиниот сопруг не било извршено во согласност со законот.
94. Второ жалителката сметаше дека „спасувањето на туѓи животи“ не можело да претставува легитимна цел за отстранување на ткиво без согласност. И трето, таа тврдеше дека тоа не било доволно докажано од страна на Владата за да биде неопходно во едно демократско општество.
95. Владата и понатаму тврдеше дека мешањето во приватниот живот на жалителката по основ на отстранувањето на ткиво од нејзиниот сопруг, без негова претходна согласност или согласност на жалителката било во согласност со критериумите утврдени во членот 8 § 2.
96. Најпрво, Владата тврдеше дека отстранувањето на ткиво било извршено во согласност со домашното право. Тие конкретно посочија дека Судот – доколку го одбиел нивниот аргумент за неисцрпеност во однос на жалбата пред Уставниот суд – требал да продолжи со претпоставката дека националното право било компатибилно со стандардот утврден во членот 8 од Конвенцијата.
97. Тие упатија на став 3 од Прописот бр. 431 (1996) и членовите 4 и 11 од Законот и тврдеа дека отстранувањето на ткивото било извршено во согласност со домашното право. Не била потребна никаква претходна согласност, ниту пак било неопходно да се бара одобрение од најблиските роднини на починатото лице. Не било незаконско да се продолжи со отстранувањето на ткивото без согласност на починатото лице или нејзините најблиски роднини. Владата тврдеше дека согласно членовите 4 и 11 од Законот се барало само „отсуството на приговор од страна на починатото лице изразен пред неговата смрт или отсуство на експлицитен приговор од [најблиските роднини] изразени пред отстранувањето на ткивото“. Владата оттука тврдеше дека системот на „претпоставена согласност“ функционирал во Летонија во материјалното време. Тие посочија дека системот на „претпоставена согласност“ не бил нешто ново и дека Летонија не била единствената земја која го користела овој систем; истиот постоел и во други единаесет земји.
98. Според Владата, стручното лице потврдило – пред да го отстрани ткивото – дека немало никаков печат во пасошот на г-динот Елбертс кој би го означувал противењето на отстранување на ткиво од телото и дека ова наводно било забележано во форма на кратенка („zīm. nav“) во записникот. Меѓутоа, во копијата од записникот доставена до судот не можела да се види никаква читлива кратенка
99. Истовремено, Владата призна дека националните закони не наметнувале никаква обврска за еден доктор да направи одредени испитувања со цел да се потврди дали имал блиски роднини и да ги информира за можно отстранување на ткиво. Во врска со ова тие упатиле на пресудата на судот во кривичните постапки (види параграф 28 горе).
100. Второ, Владата сметаше дека отстранувањето на ткиво било извршено со цел да се „спасат и/или подобрат животите на други“. Тие упатија на судската одлука во кривичните постапки (види параграф 28 горе), која забележала дека „ткивата [биле] отстранети во име на човештвото со цел да се подобри здравјето на другите и да се продолжат нивните животи“. Тие исто така упатија на Преамбулата на Дополнителниот протокол за трансплантација на органи и ткива од човечко потекло бидејќи праксата на донирање и отстранување на ткиво заради трансплантација „придонесува за спасување на животи или значително подобрување на нивниот квалитет“ и дека „трансплантацијата на [...] ткиво претставува составен дел од здравствените услуги кои им се нудат на населението“. Владата заклучи дека отстранувањето на ткиво имало легитимна цел – имено заштита на здравјето и заштита на правата на другите.
101. Трето, владата повтори дека државите уживале дискреционо право кога ги утврдувале мерките што требале да бидат преземени како одговор на итната социјална потреба да се заштити здравјето и правата на другите. Владата се потпираше на случајот на Дуџеон и тврдеше дека националните власти биле тие што требале да направат почетна проценка на итната социјална потреба во секој случај и дека дискреционото право им било оставено ним (Dudgeon v. the United Kingdom, 22 October 1981, § 52, Series A no. 45). Отстранувањето на ткиво и трансплантацијата помагале да се спасат животи и значително да се подобри нивниот квалитет. Оттука, постоела „итна социјална потреба“ за донацијата на ткиво, бидејќи трансплантацијата на ткиво станала дел од здравствените услуги што им се нуделе на целото население. Тие повторија дека ткивото на г-динот Елбертс било отстрането за да се обезбеди биоматеријал за трансплантација со цел потенцијално да се подобрат и/или да се спасат животите на други.
102. Пред сè било обврска и одговорност на најблискиот роднина на починатиот навремено да го информираат медицинскиот персонал за приговорот на починатото лице да му биде отстрането ткиво. Националниот закон во тоа време не го спречил ниту г-динот Елбертс или жалителката, како негова најблиска роднина, да ги изразат своите желби во врска со отстранување на ткивото. Тие можеле да се спротивстават на донирањето на ткиво. Меѓутоа, никој од нив не го направил тоа пред да биде отстрането ткивото во согласност со Законот. Владата заклучи дека правичен баланс бил постигнат меѓу „правото на приватен живот на жалителката согласно Конвенцијата – со оглед дека националните закони го предвидувале правото на најблискиот роднина да приговори на отстранување на ткивото на починатото лице пред постапката за отстранување (што не било сторено ниту од г-динот Елбертс, ниту од жалителката) - и итната социјална потреба за обезбедување на био-инпланти за трансплантација на ткиво како дел од здравствените услуги понудени на целото население“.
2. Оценка на Судот
(а) Општи принципи
103. Суштинскиот предметот на членот 8 е да се заштити поединецот од своеволно мешање на јавните власти. Секакво попречување согласно првиот став од членот 8 мора да биде оправдано во смисла на вториот став, имено дека е „во согласност со законот“ и „неопходно во едно демократско општество“ заради една или повеќе легитимни цели наведени таму. Идејата за неопходност значи дека попречувањето е поврзано со итна социјална потреба, конкретно, дека е пропорционално на една од легитимните цели за кои се залагаат властите (види A, B and C v. Ireland [GC], no. 25579/05, §§ 218-241, 16 December 2010).
104. Судот упатува на толкувањето дадено во фразата „во согласност со законот“ во неговата судска пракса (како што е резимирано во S. and Marper v. the United Kingdom [GC], nos. 30562/04 and 30566/04, §§ 95-96, ECHR 2008). Од посебна релевантност во овој случај е барањето за оспорените мерки да имаат одредена основа во домашното право, што би требало да биде компатибилно со владеењето на правото, што од своја страна значи дека домашното право мора да биде формулирано со доволна прецизност и мора да бара адекватна правна заштита од своеволност. Соодветно на тоа домашното право мора да го посочи на доволно јасен начин опсегот на дискреционото право доделено на компетентните власти и начинот на неговата примена (види, од неодамна, L.H. v. Latvia, цитиран горе, § 47).
(б) Примена во актуелниот случај
105. Што се однесува на наводното попречување, ако ги погледнеме околностите на актуелниот случај, Судот забележува дека после сообраќајната несреќа сопругот на жалителката претрпел повреди опасни по живот од кои починал на патот кон болница. Следниот ден, неговото тело било транспортирано до Центарот за судска медицина, каде била извршена аутопсијата. Последователно, ткиво било отстрането од неговото тело и подоцна испратено на компанија во Германија за да биде модифицирано во био-инпланти; било планирано да биде вратено назад во Летонија за трансплантација. Жалителката, која била една од неговите најблиски роднини, не била информирана за ова и не можела да оствари одредени права утврдени согласно домашното право – имено да изрази согласност или одбивање во врска со отстранување на ткиво од нејзиниот сопруг. Таа дознала дека ткиво било отстрането дури две години подоцна, кога Полицијата отворила кривична истрага за незаконското отстранување на органи и ткиво меѓу 1994 и 2003 година и стапиле во контакт со неа.
106. Судот забележува дека не било оспорено дека Центарот за судска медицина бил јавна институција, и дека дејствијата или пропустите на неговиот медицински персонал, вклучително и стручните лица кои вршеле отстранување на органи и ткиво, можеле да ја преземат обврската на Државата согласно Конвенцијата (види Glass v. the United Kingdom, no. 61827/00, § 71, ECHR 2004‑II).
107. Судот смета дека гореспоменатите околности се доволни за да се заклучи дека имало попречување на правото на жалителката на почитување на нејзиниот приватен живот согласно членот 8 од Конвенцијата.
108. Во однос на тоа дали попречувањето било „во согласност со законот“, Судот забележува дека летонскиот закон во материјалното време експлицитно предвидувал право не само на засегнатото лице, туку и на неговите најблиски роднини, вклучително и брачниот партнер, да ги изрази желбите во врска со отстранувањето на ткиво по смртта на тоа лице (види параграфи 44 и 45 горе). Странките не го оспорија ова. Меѓутоа нивното гледиште се разликувало што се однесува до остварувањето на ова право. Жалителката сметаше дека стручните лица биле обврзани да се утврдат желбите на најблиските роднини. Владата тврдеше дека чистото отсуство на секаков приговор било доволно за да се изврши отстранување на ткивото. Според Судот овие прашања го отсликуваат квалитетот на домашното право, особено прашањето дали домашното законодавство било формулирано со доволна прецизност и дали обезбедувало адекватна правна заштита од своеволност во отсуство на релевантните административни прописи.
109. Во овој контекст, Судот забележува дека главните несогласувања меѓу странките е дали законот – кој во принцип на најблиските роднини им го давал правото да изразат согласност или одбивање во врска со отстранувањето на ткиво – било или не било доволно јасно и предвидливо во неговото спроведување што се однесува до остварувањето на ова право. Жалителката тврдеше дека немало можност таа како најблиска роднина да се спротивстави на отстранувањето на ткиво, но Владата сметаше дека таа сепак можела да го оствари правото, затоа што ништо не ја спречила во изразувањето на нејзините желби или нејзиното приговарање.
110. Меѓутоа Судот повторува дека кога националното законодавство е во прашање не е задача на Судот да го разгледува релевантното законодавство во апстракт. Наместо тоа, тој мора да се ограничи, во рамките на можностите, на проверка на прашањата покренати од случајот пред него (види Taxquet c. Belgique [GC], no. 926/05, § 83 in fine, ECHR 2010). Судот забележува дека странките тврдеа на широко дали системот на „експлицитна согласност“ или „претпоставена согласност“ функционирал во Летонија во материјалното време (види ги исто така поделените мислења на експертите и истражните лица во параграф 18 горе). Меѓутоа, исто така се имаше на ум и тоа дека прашањето пред Судот во актуелниот случај не е општо прашање за тоа дали тужената држава требала да предвиди одреден систем на согласност. Прашањето повеќе се однесува на правото на жалителката да ги изрази своите желби во врска со отстранувањето на ткивото од нејзиниот сопруг по неговата смрт и наводниот пропуст да се обезбедат правни и практични услови за остварувањето на тоа право.
111. Појдовната точка за анализата на Судот е фактот дека жалителката не била информирана за отстранувањето на ткиво од нејзиниот сопруг кога тоа било извршено. Домашните власти утврдиле дека била вообичаена пракса во времето кога стручните лица во Центарот за судска медицина, кои вршеле такво отстранување на ткиво, да не се обидуваат да стапат во контакт со роднините на починатите лица (параграф 16 горе); немало докази дека, дури и кога стручните лица биле до одредено ниво во контакт со роднините, тие ниту ги информирале за итното отстранување на ткиво ниту добиле таква согласност (параграф 27 горе).
112. За тоа дали домашното право било формулирано или не со доволна прецизност, Судот забележува дека домашните власти имале конфликтни гледишта во однос на опсегот на обврските што се вградени во националниот закон. Од една страна, додека Полицијата сметале дека отстранувањето на ткивото било дозволено само со претходно искажана согласност и дека нејзиното отсуство го правело отстранувањето незаконско, тие исто така – прифатиле – упатувајќи на гледиштата на стручните лица – дека различни толкувања на домашниот закон биле можни, со што било невозможно да се добие осудителна пресуда (параграфи 18 и 20 горе). Од друга страна, различни надзорни обвинители заклучиле дека со отстранувањето на ткиво без претходно изразена согласност, стручните лица го прекршиле законот и требале да се гонат кривично (параграфи 22 и 24, 25 горе). Конечно, Полицијата го прифатила толкувањето на обвинителите на домашното право и утврдиле дека правата на најблиските роднини, вклучително и на жалителката, биле прекршени. Меѓутоа, секое кривично гонење во меѓувреме станало временски ограничено (параграф 27 горе). Конечно, домашниот суд, иако прифатил дека најблиските роднини имале право да изразат согласност или одбивање во однос на отстранување на ткиво, истиот го отфрлил гледиштето усвоено од обвинителството и одлучил дека домашното право не наметнувало обврска за стручните лица да ги информираат најблиските роднини и да им ги објаснат нивните права. Стручните лица не можеле да бидат осудени за повреда на обврската која била јасно утврдена со закон (параграф 28 горе).
113. Судот смета дека таквото несогласување во однос на опсегот на важечкиот закон меѓу самите власти одговорни за неговото спроведување укажува на недостаток на доволна јасност. Што се однесува до ова, Судот упатува на наодот на судот дека иако членот 4 од Законот го предвидува правото на најблиските роднини да одбијат отстранување на органи и/или ткиво од починатото лице, тоа не наметнувало обврска врз стручното лице да им ги објасни овие права на роднините (види параграф 28 горе). Владата исто така се потпираше на оваа изјава со тврдење дека отстранувањето на ткивото не било незаконско (види параграфи 97 и 99 горе). Тоа му дозволува на Судот да заклучи дека иако летонскиот закон ја поставил законската рамка со која на најблиските роднини им било дозволено да изразат согласност или одбивање да се отстрани ткиво, истиот не го дефинирал јасно опсегот на соодветната обврска или дискреционото право дадено на стручните лица или други власти во оваа смисла. Судот забележува, во врска со ова, дека релевантните европски и меѓународни документи по ова прашање се согласуваат за посебната важност на принципот дека ставот на роднините мора да се утврди по пат на разумно распрашување (види параграф 34 et seq. горе). Поконкретно, како што е забележано во Појаснувачкиот извештај на Дополнителниот протокол, кој и да е системот што ќе го избере државата да го воспостави - било да се работи за „експлицитна согласност“ или „претпоставена согласност“ - мора исто така да се воспостават и соодветни процедури и регистри. Доколку желбите на починатиот не се доволно јасно утврдени, треба да се стапи во контакт со роднините за да се добие сведочење пред отстранувањето на ткивото (види го, особено, коментарот на членот 17 од Дополнителниот протокол, став 37 горе).
114. Исто така, Судот повторува дека принципот на законитост бара од државите не само да ги почитуваат и применуваат, на предвидлив и доследен начин, законите кои што ги усвоиле, туку исто така, како неопходен елемент, да ги обезбедат законските и практичните услови за нивното спроведување (види mutatis mutandis Broniowski v. Poland [GC], no. 31443/96, §§ 147 and 184, ECHR 2004‑V). По смртта на сопругот на жалителката на 19 мај 2001 г., стручно лице од Центарот за судска медицина било овластено да отстрани ткиво од неговото тело во рок од дваесет и четири часа од потврдата дека во неговиот пасош немало посебен печат со кој се означувало приговор (параграф 16 горе). Меѓутоа, се чини дека во материјалното време немало никаков општ регистар на печати кои биле внесени во пасошите со цел да се обележи одбивање или согласност за користење на телото на носителот на пасошот после смртта (спротивно на ситуацијата што следела после законските измени и дополнувања кои стапиле на сила на 1 јануари 2002 и вклучувањето на оваа информација во Матичната книга на населението опишано во случајот на Петрова, цитиран горе,§ 35). Исто така, се чини дека немало процедура за државните институции и стручните лица што требала да ја следат со цел да побараат и добијат ваква информација. Владата тврдеше дека стручното лице физички го проверило пасошот на г-динот Елбертс пред да му го отстрани ткивото, но жалителката тврдеше дека пасошот на нејзиниот сопруг бил дома. Оттука, процедурата што ја следел стручното лице за да ја потврди информацијата содржана во неговиот пасош останува нејасна. Без разлика дали стручното лице го проверило пасошот на г-динот Елбертс или не, и понатаму е нејасно како системот на согласност, како што бил утврден со летонскиот закон во материјалното време, функционирал во пракса во околностите во кои се нашла жалителката, при што таа имала одредени права како најблизок роднина, но не била информирана како и кога овие права можела да ги оствари, а уште помалку да добие некакво објаснување.
115. Во врска со тоа дали домашниот закон понудил соодветна правна заштита од своеволност, Судот забележува дека отстранувањето на ткивото во актуелниот случај не било изолиран акт како во горе цитираниот случај на Петрова, туку било направено врз основа на договор одобрен од државата со фармацевтска компанија од странство; отстранувањето било спроведено на голем број на луѓе (параграфи 13, 14 и 26 горе). Во такви околности уште поважно е да се воспостават соодветни механизми за да се постигне рамнотежа во опсежното дискреционо право што им е пренесено на стручните лица за спроведување на нивната сопствена иницијатива (параграф 15), но ова не било сторено (види го исто така меѓународниот материјал цитиран во параграф 34 et seq. горе). Како одговор на аргументот на Владата дека ништо не ја спречило жалителката да ги изрази своите желби во врска со отстранувањето на ткивото, Судот го забележува отсуството на административни или законски прописи во врска со ова. Соодветно на тоа жалителката не можела да предвиди што се очекувало од неа доколку сакала да го оствари тоа право.
116. Во контекст на претходно кажаното, Судот не може да утврди дека важечкиот летонски закон бил формулиран на доволно прецизен начин или дека обезбедувал адекватна законска заштита од своеволност.
117. Судот соодветно на тоа заклучува дека попречувањето на правото на жалителката на почит на нејзиниот приватен живот не било во согласност со законот во рамките на значењето на членот 8 § 2 од Конвенцијата. Последователно, имало повреда на членот 8. Земајќи го во предвид овој заклучок, Судот не смета дека е неопходно да се разгледа придржувањето на другите барања од членот 8 § 2 од овој случај (види, на пример, Kopp v. Switzerland, 25 March 1998, § 76, Reports of Judgments and Decisions 1998‑II, и Heino v. Finland, no. 56720/09, § 49, 15 February 2011).
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
118. Жалителката исто така се жалеше согласно членот 3 од Конвенцијата на фактот дека отстранувањето на ткивото на нејзиниот сопруг било извршено без нејзина претходна согласност или знаење, и дека таа била присилена да го закопа со неговите нозе врзани една со друга.
119. Членот 3 од Конвенцијата го вели следново:
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.“
120. Владата го оспори тој аргумент.
А. Допуштеност
121. Владата ги изнесе истите прелиминарни приговори во однос на несицрпеноста на домашните правни лекови на кои веќе беше упатено горе, а жалителката не се согласи со нив (параграфи 69-77 горе). Во врска со ова Судот упатува на својата горе изнесена оценка (параграфи 78-87 горе) и смета дека истата може да се примени и во овој дел.
122. Дополнително, Владата упати на упатството издадено од Министерството за правда (кое било на сила до 1 јануари 2002) во врска со процедурата за пост-мортем форензично испитување и Законот за редоследот на разгледување на поднесоци, жалби и предлози од страна на државни и општински институции (на сила до 1 јануари 2008). Тие тврдеа дека жалителката можела да поднесе жалба за состојбата на мртвото тело на нејзиниот сопруг. Жалителката не се согласи. Судот забележува дека Владата не го посочила начинот на кој предложениот правен лек можел да обезбеди обесштетување во однос на жалбата на жалителката. Судот смета дека е доволно да упати на својата горенаведена оценка во смисла дека можноста жалителката да го искористи овој кривичен правен лек не била соодветна (параграф 85 горе). Судот би додал дека жалителката исто така се жалела на акти на скрнавење врз телото на нејзиниот сопруг после отстранувањето на ткивото во кривични постапки поврзани со наводното незаконско отстранување на ткиво. Обвинители на две нивоа ги разгледале нејзините жалби и ги отфрлиле со тврдење дека немало докази за скрнавење (види параграфи 31-32 горе). Затоа приговорот на Владата се отфрла.
123. Владата тврдеше дека жалителката не успеала да се придржи на шестмесечното временско ограничување со оглед на фактот дека жалителката открила за состојбата на телото на нејзиниот покоен сопруг на 26 мај 2001 г., денот на неговиот погреб. Судот, меѓутоа, забележува дека на тој датум жалителката сè уште не била свесна за отстранувањето на ткиво од телото на нејзиниот сопруг; таа дознала за тоа дури две години подоцна кога била отворена кривична истрага. Таа последователно станала странка во оваа истрага. Судот оттука смета дека конечната одлука во однос на жалбата на жалителката била издадена на 23 октомври 2008 г., кога кривичната истрага била прекината со конечна одлука. Тој го отфрла прелиминарниот приговор во овој контекст.
124. Владата потпирајќи се на случајот на Чакици против Турција (Çakıcı v. Turkey [GC], no. 23657/94, § 98, ECHR 1999‑IV), тврдеше дека жалителката не можела да се смета за жртва согласно членот 3 од Конвенцијата со оглед дека ниту таа ниту нејзиниот сопруг никогаш не се спротивставиле на отстранувањето на ткиво. Тие исто така тврдеа дека бидејќи жалителката никогаш не поднела жалба на домашно ниво дека била присилена да го погреба својот сопруг со заврзани нозе, сега не можела да тврди дека била жртва пред Судот. Жалителката посочи дека Чакици бил случај на исчезнување, додека таа самата ги видела остатоците од нејзиниот сопруг пред погребот и неговите нозе биле врзани. Таа била шокирана, но во тој момент не била свесна за отстранувањето на ткиво. Судот смета дека во актуелниот случај прашањето дали жалителката може или не може да се смета за жртва е тесно поврзано со основаноста на случајот. Затоа требало да биде поврзано со основаноста.
125. Конечно, Владата тврдеше дека жалбата на жалителката не била компатибилна ratione materiae со одредбите од Конвенцијата. Владата тврдеше дела само надворешниот слој од менингесот (dura mater) бил отстранет. Иако тие со согласија дека отстранувањето на ткивото од едно починато лице без согласност или знаење на најблиските роднини на тоа лице може на индивидуална и субјективна основа да предизвика болка, тие не сметаа дека тоа само по себе покренало проблем што би потпаднал под членот 3 од Конвенцијата. Владата се изјаснила дека последната одредба не наметнала општа обврска за добивање на согласност или за информирање на најблиските роднини за отстранување на ткивото. Владата сметаше дека жалбата на жалителите можела да се испита само во однос на членот 8 од Конвенцијата. Судот смета дека во актуелниот случај прашањето дали жалбата на жалителката потпаѓа или не под опсегот на член 3 од Конвенцијата е тесно поврзано со основаноста на случајот. Затоа требало да биде поврзано со основаноста.
126. Судот забележува дека оваа жалба не е евидентно неоснована во рамките на значењето на членот 35 § 3 (а) од Конвенцијата. Тој понатаму забележува дека не е недопуштена по ниеден друг основ, предмет на прашањата приклучени на основаноста. Затоа мора да се прогласи за допуштена.
Б. Основаност
1. Изјаснување на странките
127. Жалителката се изјасни дека минимумот ниво на сериозност за членот 3 од Конвенцијата што требал да се примени било постигнато во овој случај. Таа ја видела состојбата на телото на нејзиниот сопруг – со нозете врзани – по отстранувањето на ткиво. Во тоа време таа исто така била бремена со нивното второ дете. Жалителката сметаше дека незаконското отстранување на ткиво достигнало ниво на нечовечно и понижувачко постапување што било забрането со членот 3 од Конвенцијата – а тоа предизвикало шок и страдање кај неа. Дополнително, таа обезбеди писмена изјава од својата сестра, која изјавила дека таа го видела телото на г-динот Сигулда, откако било префрлено од Центарот за судска медицина пред погребот и дека нозете му биле цврсто врзани со темна лента; таа претпоставила дека тоа било сторено заради сообраќајната несреќа.
128. Исто така, жалителката нагласи дека во текот на целата кривична истрага таа била лишена од можноста да открие кои органи или ткиво биле отстранети од телото на нејзиниот сопруг. На почетокот таа мислела дека неговите нозе биле врзани една со друга за да се спречат последиците од сообраќајната несреќа. Подоцна претпоставувала дека му биле заврзани по отстранувањето на ткиво од нозете, бидејќи бил вметнат друг материјал. Жалителката конечно можела да открие конкретно какво ткиво било отстрането од телото на нејзиниот сопруг кога ги добила забелешките на Владата за овој случај.
129. Жалителката потпирајќи се на случајот на Лабита против Италија (Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, § 131, ECHR 2000‑IV), тврдеше дека немало делотворна истрага. Истрагата траела пет години; била прекината заради истекување на законскиот рок. Жалителката посочи дека таа поднела околу 13 жалби и дека 4 одлуки биле укинати. Таа сметаше дека истрагата не била завршена во разумно време и дека била непотребно пролонгирана. На жалителката и на други жртви не им било доделено никакво обесштетување, а стручните лица не биле казнети.
130. Владата инсистираше дека отстранувањето на ткиво било извршено во согласност со домашното право. Жалителката не успеала да покаже дека отстранувањето на ткиво од телото на нејзиниот сопруг довело до нечовечно или понижувачко постапување. Упатувајќи на случајот на Селчук и Аскер против Турција (Selçuk and Asker v. Turkey, 24 April 1998, § 78, Reports 1998‑II) Владата тврдеше дека жалителката не успеала да покаже „болка и страдање“ како резултат на отстранувањето на ткиво без претходна согласност. Упатувајќи на случајот на Ирска против Обединетото Кралство (Ireland v. the United Kingdom, 18 January 1978, § 167, Series A no. 25) тие исто така тврдеа дека таа не успеала да покаже дека таа чувствувала „страв, болка и инфериорност која би ја понижила и обезвреднила“. Владата повтори дека единствено dura mater бил отстранет од телото. Дури и ако жалителката можеби искусила одредено ниво на емоционално страдање и болка заради отстранувањето на ткиво, без нејзина согласност или знаење, кое било проследено со инхерентно страдање и болка заради загубата на близок член на семејството, тоа не го содржело минимумот ниво на тежина потребно за да потпадне под опсегот на членот 3 од Конвенцијата. Владата исто така тврдеше дека за време на аутопсијата, и срцето било отстрането од телото на сопругот на жалителката и дека dura mater во секој случај ќе морало да се отстрани и испита со цел да се процени дали неговиот череп бил оштетен. Ова би можело да се каже дека предизвикало емоционално страдање, но не би го постигнало минимумот ниво на тежина што се бара за да се примени членот 3.
131. Владата посочи дека жалителката не била присутна во Сигулда Болницата и дека било обврска на блиските роднини да ги информираат здравствените работници за тоа каде се наоѓаат и да ги контактираат доколку сакале да се спротивстават на отстранување на ткиво. Тие понатаму нагласија дека отстранувањето се случило во договор со компанијата, дека ткиво било праќано во компанијата за негово модифицирање во био-инпланти и потоа враќани во Летонија за да бидат трансплантирани, и дека целта на сето ова била да се подобри и спаси животот на други лица. Владата нагласи дека отстранувањето на ткиво било вршено „многу брзо“ и дека дури и најмало одложување ќе значело да се изгуби важен дел од времето во рамките на кое било можно да се изврши отстранување на ткиво. Владата, потпирајќи се на фактот дека за време на својот живот сопругот на жалителката не се противел на отстранување на ткиво, ниту изразил такво гледиште пред жалителката, тврдеше дека таа не можела да тврди дека истото било извршено спротивно на неговите или нејзините желби.
132. Владата понатаму се изјасни дека тврдењата на жалителката дека нозете на нејзиниот покоен сопруг биле врзани било погрешно, бидејќи тоа не го поткрепиле со никаков веродостоен доказ. Во своето изјаснување, според информациите дадени од Центарот за судска медицина, неговото тело било средено, исчистено и измиено после аутопсијата. Тие повторија дека немало евиденција за никакви поплаки во однос на состојбата на неговото тело. Според извештајот од аутопсијата, неговите нозе не биле оштетени во сообраќајната несреќа. Во актуелниот случај, стандардот за доказ „вон разумен сомнеж“ не бил исполнет, бидејќи тврдењата на жалителката во врска со состојбата на телото на нејзиниот сопруг не било поткрепено со никаков доказ.
2. Оценка на Судот
(а) Општи принципи
133. Во случајот на Свинаренко и Слјаднев против Русија (Svinarenko and Slyadnev v. Russia, [GC], nos. 32541/08 and 43441/08, §§ 113-118, 17 July 2014) Судот неодамна ги сумираше принципите што можат да се применат на следниов начин:
„113. Како што Судот има одлучено во повеќе прилики, членот 3 од Конвенцијата ја вградува една од најосновните вредности на демократското општество. Тој забранува во апсолутна смисла мачење или нечовечно или понижувачко постапување или казнување без разлика на околностите и однесувањето на жртвата (види ги, меѓу другите извори, Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, § 119, ECHR 2000-IV).
114. Малтретирањето мора да го постигне минимумот ниво на тежина за да потпадне под опсегот на членот 3. Проценката на овој минимум зависи од сите околности на случајот, како што се времетраењето на постапувањето, неговите физички или ментални последици и, во некои случаи, полот, возраста и здравствената состојба на жртвата (види, на пример, Jalloh v. Germany [GC], no. 54810/00, § 67, ECHR 2006‑IX). Иако прашањето дали целта на постапувањето била да се понижи или обезвредни жртвата е фактор што треба да се земе во предвид, отсуството на таква цел не може убедливо да отфрли наод за повреда на членот 3 (види, меѓу другите извори, V. v. the United Kingdom [GC], no. 24888/94, § 71, ECHR 1999-IX).
115. Постапувањето се смета за „понижувачко“ во рамките на значењето на членот 3 кога со него се понижува или обезвреднува едно лице, се покажува непочитување или омаловажување на неговото или нејзиното достоинство или кога поттикнува чувства на страв, болка или инфериорност која може да го повреди моралниот и физичкиот отпор на лицето (види M.S.S. v. Belgium and Greece [GC], no. 30696/09, § 220, ECHR 2011, и El-Masri v. the former Yugoslav Republic of Macedonia [GC], no. 39630/09, § 202, ECHR 2012). Јавната природа на понижувањето може да биде релевантен или отежнувачки фактор, било да е истиот „понижувачки“ во рамките на значењето на членот 3 (види, меѓу другото, Tyrer v. the United Kingdom, 25 April 1978, § 32, Series A no. 26; Erdoğan Yağız v. Turkey, no. 27473/02, § 37, 6 March 2007; и Kummer v. the Czech Republic, no. 32133/11, § 64, 25 July 2013).
116. За постапувањето да биде „понижувачко“, страдањето или понижувањето мора во секој случај да го надминат тој елемент на страдање или понижување поврзан со одредена форма на легитимно постапување (види V. v. the United Kingdom, цитиран горе, § 71). ...
118. Почитувањето на човековото достоинство е во суштината на Конвенцијата (види Pretty v. the United Kingdom, no. 2346/02, § 65, ECHR 2002‑III). Целта и намената на Конвенцијата како инструмент за заштита на поединечните човечки суштества бара нејзините одредби да бидат толкувани и применети за нејзините заштити да бидат практични и делотворни. Секое толкување на гарантираните права и слободи мора да биде доследно со општиот дух на Конвенцијата, како инструмент дизајниран да ги одржува и унапредува идеалите и вредностите на едно демократско општество (види Soering v. the United Kingdom, 7 July 1989, § 87, Series A no. 161).
134. Судот понатаму забележува дека при проценувањето на доказите во врска со жалбата за повреда на членот 3 од Конвенцијата, тој го прифаќа стандардот на доказ „вон разумен сомнеж“. Меѓутоа таквиот доказ може да следи од коегзистенцијата на доволно силни, јасни и согласни заклучоци или од слични непобитни претпоставки на факти (види Farbtuhs v. Latvia, no. 4672/02, § 54, 2 December 2004, и Bazjaks v. Latvia, no. 71572/01, § 74, 19 October 2010).
(б) Примена во актуелниот случај
135. Осврнувајќи се на околностите во овој случај, Судот забележува дека жалителката тврдела дека претрпела емоционално страдање на сметка на фактот дека отстранувањето на ткиво од нејзиниот сопруг било извршено спротивно на домашното право без претходна согласност или знаење и дека таа била присилена да го закопа својот сопруг со заврзани нозе; Владата тврдеше дека првото од овие тврдења не го достигнало нивото на тежина за да се примени членот 3 од Конвенцијата и дека второто не било докажано „вон разумен сомнеж“.
136. Судот забележува дека жалителката дознала за отстранувањето на ткивото две години по погребот на нејзиниот сопруг и дека поминале уште дополнителни пет години до усвојувањето на конечните заклучоци во врска со можните кривични дела во однос на ова. Жалителката тврдеше, а Владата не одрече, дека за целото ова време таа не била информирана кои органи или ткива биле отстранети од телото на нејзиниот покоен сопруг; таа дознала за тоа дури по добивањето за владините заклучоци за актуелниот случај. Исто така, жалителката посочила и неколку причини за тоа зошто нозете на нејзиниот сопруг биле врзани една со друга, а нејзините поднесоци биле дополнително поткрепени со писмени докази од членови на семејството. Со оглед на овие факти, како најблиска роднина на нејзиниот сопруг, таа можеби претрпела емоционално страдање.
137. Задача на Судот била да потврди дали со оглед на конкретните околности од случајот таквото страдање поседувало димензија која можела да потпадне под опсегот на членот 3 од Конвенцијата. Судот никогаш во својата судска пракса не го има испитано длабокото психолошко влијание на сериозни повреди на човековите права врз членовите на семејството на жртвата. Меѓутоа, со цела да се утврди посебна повреда на членот 3 од Конвенцијата во однос на роднините на жртвата, треба да постојат посебни фактори кои на нивното страдање ќе им даде димензија и карактер која се разликува од емоционалната болка која неизбежно произлегува од самата гореспомената повреда. Релевантните елементи вклучуваат близина на семејната врска и начинот на кој властите одговориле на прашањата на роднината (види, на пример, Çakıcı, цитиран горе, § 98, кога ова начело се применило во контекст на присилното исчезнување; Mubilanzila Mayeka and Kaniki Mitunga v. Belgium, no. 13178/03, § 61, 12 October 2006, кога Судот се потпрел на ова начело при разгледувањето на жалбата на мајката за нејзиното страдање заради присилното држење на нејзината петгодишна ќерка во друга земја; и M.P. and Others v. Bulgaria, no. 22457/08, §§ 122-124, 15 November 2011, кога дадената жалба се однесувала на страдањето на роднините на злоставувано дете). Во цитираните случаи Судот придал тежина на врската меѓу родителот и детето. Тој одлучил дека суштината на повредата се наоѓа во реакцијата на властите и односот кон ситуацијата кога тоа им било посочено (види, Salakhov and Islyamova, цитиран горе, § 200). Слични размислувања би можело да се каже дека можат да се применат и во овој случај на жалителката и нејзиниот починат сопруг.
138. Судот ќе направи разлика меѓу актуелниов случај и случаите изнесени пред Судот од членови на семејствата на жртви на „исчезнување“ или вонсудски убиства извршени од страна на безбедносните сили (види, на пример, Luluyev and Others v. Russia, no. 69480/01, §§ 116-118, ECHR 2006‑XIII (извадоци)) и од случаите кога луѓе биле убиени од дејствија на властите спротивни на членот 2 од Конвенцијата (види, на пример, Esmukhambetov and Others v. Russia, no. 23445/03, §§ 138-151 and 190, 29 March 2011). Овде нема ниту некакви сугестии за сакатење на телото (види Akkum and Others v. Turkey, no. 21894/93, §§ 258-259, ECHR 2005‑II (извадоци), и Akpınar and Altun v. Turkey, no. 56760/00, §§ 84-87, 27 February 2007) или дека трупот бил распарчен и обезглавен (види Khadzhialiyev and Others v. Russia, no. 3013/04, §§ 120-122, 6 November 2008) во актуелниов случај.
139. Иако може да се каже дека жалителката страдала од секоја пролонгирана несигурност во врска со судбината на нејзиниот сопруг, Судот смета дека жалителката морала да се соочи со долг период на несигурност, мака и болка во однос на тоа кои органи или ткиво биле отстранети од телото на сопругот, и на кој начин и за која цел било тоа направено. Во овој контекст, аргументот на Владата дека само dura mater била отстранета нема никаква релевантност во случајов. Во секој случај, жалителката го открила тоа дури во текот на постапките пред овој Суд. Во времето на настаните, жалителката немала никакви причини да ги преиспитува дејствијата на Центарот за судска медицина, со оглед дека телото на нејзиниот сопруг било однесено таму за да се утврди причината за смртта. Последователно, кривична истрага била започната во однос на законитоста на отстранувањето на ткиво извршено од Центарот за судска медицина и било откриено дека ткиво било отстрането не само од телото на нејзиниот сопруг, туку исто така и од стотици други лица (речиси 500 лица за само 3 години, на пример) во временски период од околу девет години (види параграфи 13-33 горе). Исто така било утврдено дека отстранувањето било извршени согласно договор одобрен од државата со странска фармацевтска компанија. Оваа шема била спроведена од државни службеници – стручни лица за судска медицина – кои покрај вообичаените обврски за спроведување на форензични проверки, вршеле и отстранување по сопствена иницијатива (види параграф 15 горе). Ова се посебни фактори кои предизвикале дополнително страдање кај жалителката
140. Судот смета дека страдањето на жалителката имало димензија и карактер кои го надминале страдањето нанесено од болката по смртта на близок член на семејството. Судот исто така утврди повреда на членот 8 од Конвенцијата, бидејќи како најблиска роднина, жалителката имала право да изрази согласност или да одбие отстранување на ткиво, но дека соодветната обврска или дискреционото право на домашните власти не биле јасно утврдени со летонскиот закон и дека немало никаков административен или законски пропис во однос на ова (види параграфи 109-116 горе). Иако постојат значителни разлики меѓу актуелниот случај и горе цитираниот случај на Петрова што се однесува до опсегот и обемот на отстранување на органи или ткиво, Судот сепак забележал во двата случаи одредени структурни недостатоци кои надвладееле во полето на трансплантација на органи и ткиво во Летонија. Овие фактори исто така треба да се земат во летонскиот контекст во однос на членот 3 од Конвенцијата. Дополнително, не само што не биле почитувани правата на жалителката како најблизок роднина, туку таа исто така била соочена со спротивставени мислења на домашните власти во однос на опсегот на обврските вградени во националното право. Исто така, иако Полицијата и различни обвинители не се согласувале околу тоа дали домашното право било доволно јасно за да дозволи едно лице да биде гонето врз основа на тоа, тие сите сметале дека отстранувањето без согласност било незаконско (види параграфи 18, 20, 22, 24-25 горе). Меѓутоа, до времето на разрешување на нивниот спор кривичното гонење станало временски ограничено (види параграф 27 горе) и, во секој случај, домашниот суд немало да дозволи такво судење, бидејќи законот не бил доволно јасен (види параграф 28 горе). Овие факти го демонстрираат начинот на кој домашните власти се справиле со жалбите поднесени до нив, и нивното отфрлање во однос на жртвите на овие дела или на нивните блиски роднини, вклучително и жалителката. Ваквите околности придонеле за појавата на чувство на беспомошност кај жалителката, соочена со повредата на нејзините лични права поврзани со многу чувствителен аспект на нејзиниот приватен живот, имено, давањето на согласност или одбивањето да се отстрани ткиво, надополнети со неможноста за добивање на обесштетување.
141. Страдањето на жалителката било дополнително отежнато од фактот дека таа не била информирана за тоа што точно било направено во Центарот за судска медицина. Таа не била информирана за отстранувањето на ткиво, а откако открила дека нозете на нејзиниот сопруг му биле врзани една со друга на денот на погребот претпоставила дека тоа било последица од сообраќајната несреќа. Две години подоцна била информирана дека во тек била кривична истрага и дека постоела можност дека биле извршени кривични дела врз телото на нејзиниот покоен сопруг. Јасно е дека во тој момент жалителката искусила посебна болка и сфатила дека нејзиниот сопруг најверојатно бил закопан со врзани нозе како последица на дејствијата што биле извршени врз неговото тело во Центарот за судска медицина. Аргументот на Владата дека не било докажано „вон разумен сомнеж“ е погрешен, бидејќи жалбата на жалителката се однесува на болката што произлегла токму од таа несигурност во врска со дејствијата извршени во Центарот за судска медицина врз телото на нејзиниот покоен сопруг.
142. Во посебното поле на трансплантација на органи и ткиво било признато дека и после смрт со човековото тело и понатаму треба да се постапува со почит. Навистина, меѓународните договори, вклучително и Конвенцијата за човекови права и биомедицина и Дополнителниот протокол, како што било забележано во Појаснувачкиот извештај на истата, биле подготвени на начин да ги заштитат правата и на живите и на мртвите донатори на органи и ткиво. Целта на овие договори е да се заштити достоинството, идентитетот и интегритетот на „секој“ што се родил, било да е сега жив или мртов (види параграф 37 горе). Како што е цитирано во параграф 133 горе, почитувањето на човековото достоинство формира дел од самата суштина на Конвенцијата; постапувањето се смета за „понижувачко“ во рамките на значењето на членот 3 од Конвенцијата, меѓу другото, кога тоа го понижува поединецот, со тоа што не се покажување почит за човековото достоинство. Страдањето на жалителката било предизвикано не само од повредата на нејзините права како најблизок роднина и несигурноста во врска со тоа што било направено во Центарот за судска медицина, туку исто така и заради интрузивната природа на дејствијата извршени врз телото на нејзиниот починат сопруг и болката што ја претрпела во таа смисла како негов најблизок роднина.
143. Во овие конкретни околности приговорите на Владата дека жалбата на жалителката не потпаѓала во опсегот на членот 3 од Конвенцијата и дека таа не можела да се смета за жртва во таа смисла се отфрлаат. Судот нема сомнеж дека страдањето предизвикано кај жалителката во актуелниот случај достигнало ниво на понижувачко постапување спротивно на членот 3 од Конвенцијата. Во таа смисла утврдува дека имало повреда на таа одредба.
III. ДРУГИ НАВОДНИ ПОВРЕДИ НА КОНВЕНЦИЈАТА
144. Конечно, жалителката се повика на членот 13 од Конвенцијата во врска со фактот дека имало неколку можни толкувања на домашното право.
145. Владата го оспори тој аргумент.
146. Судот забележува дека оваа жалба е поврзана со жалбата што е горе разгледана во однос на членот 8 од Конвенцијата и дека затоа исто така мора да биде прогласена за допуштена.
147. Меѓутоа Судот смета дека веќе горе го разгледал недостатокот на јасност на домашното право во однос на членот 8 од Конвенцијата. Соодветно на тоа, тој не смета дека е неопходно да се испита оваа жалба посебно во однос на членот 13 од Конвенцијата.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
148. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
А. Штета
149. Жалителката побаруваше 40.000 евра („ЕУР“) за нематеријална штета.
150. Владата тврдеше дека жалителката не покажала во доволна мерка дека таа претрпела нематеријална штета во обемот наведен од неа и ја сметаше сумата што ја бараше жалителката за претерана и премногу висока. Упатувајќи на случајот на Шанон против Летонија (Shannon v. Latvia no. 32214/03, § 84, 24 November 2009), Владата сметаше дека наодот на повреда сам по себе би претставувал адекватен и доволен надоместок.
151. Земајќи ја во предвид природата на повредите утврдени во актуелниот случај и одлучувајќи на правична основа, Судот ѝ доделува на жалителката 16.000 евра за нематеријална штета.
Б. Трошоци и издатоци
152. Жалителката исто така побаруваше 500 евра за трошоци и издатоци направени пред Судот.
153. Владата не го оспори ова побарување на жалителката. Тие сметаа дека биле доволно поткрепени и разумни.
154. Според судската пракса на Судот еден жалител има право на рефундирање на своите трошоци и издатоци само доколку покажел дека истите настанале реално и неопходно и биле разумни во однос на износот. Во овој случај со оглед на документите што ги поседувал и горенаведените критериуми, Судот смета дека било разумно да се додели сума од 500 евра за покривање на трошоците што се наведени овде.
В. Казнена камата
155. Судот смета дека е соодветно казнената каматна стапка да се заснова на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО,
1. Ги приклучува на основаноста приговорите на Владата дека жалбата на жалителката согласно членот 3 не е компатибилна ratione materiae и ratione personae со одредбите од Конвенцијата и ги отфрла;
2. Ги прогласува жалбата на жалителката во однос на членот 8 што се однесува до отстранувањето на ткиво од нејзиниот покоен сопруг без нејзина дозвола и жалбата во однос на членот 13 за допуштени, а остатокот на жалбата во однос на членот 8 од Конвенцијата за недопуштена;
3. Ја прогласува жалбата на жалителката во однос на членот 3 за допуштена;
4. Одлучи дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата;
5. Одлучи дека имало повреда на членот 3 од Конвенцијата;
4. Одлучи дека нема потреба да ја разгледа жалбата во однос на членот 13 од Конвенцијата;
7. Одлучи
(а) дека тужената држава треба да ѝ ги исплати на жалителката, во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане правосилна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата, следниве суми:
(i) 16.000 евра (шеснаесет илјади евра), плус секој данок на кој можеби подложат, за нематеријална штета;
(ii) 500 евра (петстотини евра), плус секој данок на кој можеби подложат, за трошоци и издатоци;
(б) од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата ќе се плаќа проста камата на гореспоменатите износи по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка во текот на казнениот период плус три процентни поени;
8. Го отфрла остатокот од побарувањето на жалителката за правичен надоместок.
Изготвена на англиски јазик, и доставена на писмено на 13 јануари 2015 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Фатош АрачиПаиви Хирвела
Заменик секретарПретседател
Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот за работа на Судот, издвоеното мислење на судијата Војтчек е приложено кон оваа пресуда.
П.Х.
Ф.А.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights ( ) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@ .
[1](2003)11rev2.pdf
[2] Формирана во декември 1997 г., ЕГЕ е независно советодавно тело. Нејзин претходник е Групата на советници на Европската комисија за етички импликации на биотехнологијата, ад хок советодавно тело.
Full & Egal Universal Law Academy