© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ВТОР ОДДЕЛ
CЛУЧАЈ ER И ДРУГИ против ТУРЦИЈА
(Жалба бр. 23016/04)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
31 јули 2012
КОНЕЧНА
31/10/2012
Оваа пресуда стана конечна согласно член 44 § 2 oд Конвенцијата. Може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Er и други против Турција,
Европскиот суд за човекови права (Втор оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Françoise Tulkens, Претседател,
Danutė Jočienė,
Dragoljub Popović,
Isabelle Berro-Lefèvre,
András Sajó,
Işıl Karakaş,
Guido Raimondi, судии,
и Stanley Naismith, Секретар на оддел,
Откако расправаше на затворена седница на 3 јули 2012,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на тој датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инциран со жалба (бр. 23016/04) против Република Турција поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човекови права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на деветмина турски државјани, г-н Mehmet Er, г-ѓа Gülşen Er, г-н İslam Er, г-н Adnan Er, г-н Hızır Er, г-ѓа Hatice Er,г-ѓа Belkısa Er, г-н Ali Er и г-ца Mumi Er („жалителите“), на 16 мај 2004.
2. Жалителите ги застапуваше г-н Mikail Demiroğlu, адвокат од Хакари. Турската Влада („Владата“) ја застапуваше нејзиниот Агент.
3. Жалителите тврдеа, конкретно, дека после неговото лишување од слобода од страна на војници на жандармеријата нивниот роднина Ahmet Er исчезнал во околности поради кои се вклучува одговорноста на тужената држава согласно членовите 2, 3, 5 и 13 од Конвенцијата.
4. На 26 февруари 2008 Судот одлучи да ја комунициа жалбата до Владата. Исто така одлучи да донесе одлука за допуштеноста и основаноста на жалбата истовремено (член 29 § 1).
ФАКТИ
ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
5. Жалителите се родени во 1980, 1974, 1978, 1984, 1989, 1990, 1994, 1954 и 1953 соодветно и живеат во Хакари. Првите седум жалители се деца на г-н Ahmet Er, кој исчезнал во јули 1995, а останатите двајца жалителите се негови брат и сестра. Во моментот на неговото исчезнување Ahmet Er имал 44 години.
A. Вовед
6. Странките не се согласуваат околу фактите на случајот. Фактите претставени до жалителите се наведени во делот Б подолу. Аргументите на Владата во однос на фактите се резимирани во делот В подолу во текстот. Писмените докази доставени од жалителите и од Владата се резимирани во делот Г.
Б. Поднесоци на жалителите во однос на фактите
7. На 14 јули 1995 дошло до вооружен судир помеѓу припадници на PKK[1] и припадници на безбедносните сили во селото Курудере, кое е во административна надлежност на градот Чукурца во југоисточна Турција. После операцијата војниците го зеле роднината на жалителите Ahmet Er и постар роднина кој се викал Hacı Mehrap Er од селото Курудере во блиската станица на жандармеријата во Ишикли.
8. Истиот ден жалителите го известиле јавниот обвинител во Чукурца за инцидентот.
9. Hacı Mehrap Er бил ослободен на 15 јули 1995, но изгубиле секаков контакт со Ahmet Er.
В. Поднесоци на жалителите во однос на фактите
10. Владата изјави дека Ahmet Er не бил притворен. Тој им помагал на војниците во барањето на нагазни мини поставени во областа од страна на терористи и бил ослобден после враќањето на војниците во нивните бараки.
11. Ефикасната истрага која ја спровеле судските органи покажала дека откако бил ослободен, Ahmet Er им се приклучил на терористите во северен Ирак.
Г. Писмени докази поднесени од странките
12. Следните информации произлегуваат од документите поднесени од странките.
13. На 14 јули 1995 г-н Ali Er, кој е брат на Ahmet Er и еден од жалителите, го информирал обвинителот во Чукурца по писмен пат за исчезнувањето на неговиот брат. Тој исто така изјавил дека семејството се плашело за животот на Ahmet Er, и побарал помош од обвинителот.
14. На 16 јули 1995 јавниот обвинител од Чукурца во записник запишал дека тој имал телефонски разговор со градоначалникот Ц.Ј. од седиштето на единицата на командоси во Чукурца. Градоначаликот исто така бил команден офицер одговорен за војниците кои ја спровеле операцијата на 14 јули. Градоначалникот му кажал на обвинителот дека Ahmet Er бил однесен од селото од страна на неговите војници на 14 јули да им помогне во нивните операции. Сепак, тој бил ослобден на 16 јули 1995 во област во близина на селото Нарх.
15. На 18 јули 1995 Ali Er доставил поднесоци до канцелариите на гувернерот и обвинителот во Чукурца. Тој изјавил во неговите поднесоци дека неговиот брат Ahmet Er не бил ослободен, спротивно на информациите кои нему му ги дал јавниот обвинител од Чукурца на 16 јули. Тој додал дека тој се обидел безуспешно да го најде неговиот брат во околните села и гратчиња.
16. Истио ден јавниот обвинител од Чукурца отворил истрага за исчезнувањето на Ahmet Er и издал налози до седиштето на жандармеријата во Чукурца и штабот на единицата на командоси во Чукурца барајќи информации за тоа каде се наоѓа Ahmet Er. Обвинителот ги потсетил воените органи дека ако Ahmet Er бил кај нив притворен тие морале да добијат официјално одобрение од канцеларијата на обвинителот за да го задржат во притвор.
17. На 1 август 1995 командирот на штабот на жандармеријата во Чукурца, капетан С.А.У., одговорил на дописот на јавниот обвинител од Чукурца и го информирал дека Ahmet Er не бил притворен во неговиот штаб. Селото Курудере било евакуирано од безбедносни причини и затоа било невозможно да се најде Ahmet Er.
18. Откако штабот на единицата на командоси во Чукурца не одговорил на неговото барање за информации, јавниот обвинител од Чукурца повторно го испратил истото барање со писмо од 25 август 1995. Обвинителот исто така се повикал не телефонскиот разговор со градоначалникот Ц.Ј. (види параграф 14 погоре), и побарал штабот на единицата на командоси да го информира кога точно Ahmet Er бил ослободен и дали имало очевидци за неговото ослободување.
19. Со допис од 22 септември 1995 воен службеник од штабот на единицата на командоси во Чукурца го известил обвинителот дека Ahmet Er и неговиот „постар роднина“ биле земени од нивното село од војници на 14 јули 1995 за да им даваат насоки за областа. Двајцата мажи им помогнале на војниците на најдат повеќе нагазни мини во областа и потоа „ги напуштиле војниците околу 15 часот“ дента. Не биле составени документи во однос на двајцата мажи затоа што тие не биле ниту уапсени ниту притворени.
20. На 16 декември 1995 обвинител го сослушал жалителот Ali Er, кој повторил дека неговиот брат Ahmet бил однесен од неговото село од страна на војници на 14 јули 1995. Првиот полковник на жандармеријата кој бил со војниците дури и му удрил шлаканица на неговиот брат пред селаните пред да го земат. После овој инцидент селаните го напуштиле селото истиот ден, но стариот вујко на жалителот, Hacı Mehrap Er, останал за да го почека Ahmet. Tој се вратил во селото со војниците истата вечер, многу вознемирен. Војниците ги зеле и Ahmet и Hacı Mehrap Er во станицата на жандармеријта во Ишикли, каде биле врзани за прачка и го оставиле со следното утро. Двајцата мажи исто така биле истепани. Следното утро Hacı Mehrap Er и други двајца селани кои исто така биле земени од војниците биле ослободени. Според неговиот вујко, Ahmet бил онесвестен коха тој си отишол. Понатаму, Fettah Arslan, соселанец, го видел братот на жалителот како го носат од станицата во Ишикли до единицата на командоси со воено возило.
21. Обвинителот ги повикал Hacı Mehrap Er и Fettah Arslan во неговата канцеларија. На 23 октомври 1995 Fettah Arslan му кажал на обвинителот дека тој го видел Ahmet Er во воено возило, врзан со лисици.
22. На 25 октомври 1995 Hacı Mehrap Er му кажал на обвинителот на денот на инцидентот селаните се подготвувале да го напуштат селото затоа што им било наредено од војската. Сепак, некои членови на PKK слушнале за евакуацијата и присуството на војниците во селото и ги нападнале војниците. Во текот на вооружениот судир, Ahmet Er сакал да си оди од селото за да го најде неговиот син кој бил на нивите. Сепак, војниците погрешно ја толкувале намерата на Ahmet Er и го однесле во станицата на жандармеријта во Ишикли. Потоа, Hacı Mehrap Er исто така бил однесен во станицата на жандармеријта во Ишикли, каде тој и Ahmet биле врзани за метални прачки и истепани. Војниците исто така ги поливале со жешка вода. Коските на стапалото на Ahmet биле скршени со камен. Кога Hacı Mehrap Er бил ослободен следното утро, Ahmet Er бил влечен по подот од десет или единаесет војници. Кога се вратил во селото, војниците веќе го имале запалено.
23. После два неуспешни обида да го повика во неговата канцеларија, обвинителот конечно го испрашал градоначалникот Ц.Ј. од штабот на единицата на командоси во Чукурца на 14 декември 1995. Градоначалникот потврдил дека тој слушнал дека Ahmet Er бил однесен од селото од страна на неговите војници на 14 јули 1995 за да им даде насоки за областа. После телефонскиот разговор со обвинителот тој наредил Ahmet Er да биде ослободен. Сепак, тој покасно открил дека лицето кое било ослободено по неговата наредба не било Ahmet Er. Градоначалникот Ц.Ј. рекол дека тој не знаел дали Ahmet Er бил однесен од неговите војници.
24. Првиот полковник, Х.О., кој раководел со една од трите единици на војници кои учествувале во операцијата на 14 јули 1995, бил испрашан од обвинителот на 1 февруари 1996. Првиот полковник потврдил дека тој и неговите војници отишле во селото Курудере на денот на инцидентот. После оружениот судир со припадниците на PKK, во текот на кој еден офицер бил убиен, а двајца војници биле повредени, тие го виделе Ahmet Er како бега од селото. Повеќе војници биле испратени за да го фатат. Војниците го фатиле и „можеби му удриле неколку шлаканици“ затоа што верувале дека Ahmet Er им помагал на PKK. Ahmet Er потоа им помогнал на војниците да најдат повеќе нагазни мини. По пат тие го виделе Hacı Mehrap Er, кој побарал дозвола да оди со војниците. Тие потоа ги однесле Ahmet Er и Hacı Mehrap Er во станицата на жандармеријта во Ишикли. Првиот полковник им се јавил по телефон на неговите надредени офицери во штабот на батаљонот и им кажал за двете лица. Неговите надредени му кажале дека не било неопходно да ги однесат луѓето во штабот затоа што немало докази против нив. Ahmet и Hacı Mehrap ја поминале ноќта со војниците во станицата на жандармеријта во Ишикли. Возможно било дека војниците „можеби им се налутиле на двајцата мажи и им удриле шлаканици“ но, дека тие не ги мачеле или не ги скршиле коските на стапалото на Ahmet како што се тврдело. Следниот ден „старецот“ бил пуштен надвор од станицата, а Ahmet Er биле ослободен на околу 200 метри од станицата.
25. Првиот полковник Ш.О. раководел со друга единица на денот на инцидентот. Тој дал слична изјава на обвинителот.
26. На 2 февруари 1996 обвинителот испрашал четворица други војници од жандармеријата кои учествувале во операцијата на 14 ули 1995. Војниците потврдиле дека тие ги однесле Ahmet Er и Hacı во станицата во Ишикли, но негирале дека тие биле злоупотребувани. Тие тврделе дека двајцата мажи биле ослободени следниот ден и додале дека Ahmet Er им мавтал кога бил ослободен. Војниците исто така му кажале на обвинителот дека било можно Ahmet Er потоа да се придружил кон PKK.
27. На 16 февруари 1996 јавниот обвинител од Чукурца издал наредба да се најде Ahmet Er и побарал да му биде доставуван извештај за напредок секои три месеци. Во неговата наредба обвинителот изјавил дека Ahmet Er не бил уапсен од војниците туку дека бил земен за да им дава насоки за областа. Обвинителот кажал дека, затоа што двата сина на Ahmet Er се приклучиле кон PKK, било можно дека и Ahmet Er се приклучил кон PKK.
28. Произлегува од документите дека полицијата и војниците безуспешно го барале Ahmet Er и го известувале обвинителот на редовни интервали до 2 октомври 2000. На 1 февруари 2001 јавниот обвинител од Чукурца побарал од полицијата да продолжи со потрагата. После дописот од обвинителот полицијата продолжила да го известува обвинителот секои два месеци за неуспешната потрага по Ahmet Er.
29. На 3 мај 2002, првиот жалител, Mehmet Er, се обратил до Граѓанскиот основен суд во Хакари и изјавил дека неговиот татко исчезнал во околности кои биле опасни по живот на 14 јули 1995 и дека немале никаков контакт со него од тој датум. Тој побарал Граѓанскиот суд во Хакари да издаде одлука со која неговиот татко се прогласува за мртов. Тој предлог бил одобрен на 29 мај 2003. На 24 февруари 2004 старателството над трите најмали деца на Ahmet Er – жалителите г-н Hızır Er, г-ца Hatice Er и г-ца Belkısa Er – било доделено на нивниот постар брат İslam Er, кој е исто така еден од жалителите.
30. На 10 декември 2003 јавниот обвинител од Чукурца донесол одлука во која било наведено дека, според наводите и информациите кои му биле дадени од очевидци, Ahmet Er последен пат бил виден во подрачје на војската, каде што „тој бил мачен од војници“. Оттука, војската бил одговорна за инцидентите за кои станува збор и воениот обвинител во градот Ван имал надлежност да продолжи со истрагата.
31. Воениот обвинител во Ван отворил истрага на 14 јануари 2004 барајќи информации од локалните воени единиц за тоа дали нешто било слушнато од Ahmet Er и дали тој имал синови кои биле припадници на PKK. Тој исто така побарал да биде извстуван редовно секои три месеци.
32. На 10 февруари 2004 воените единици го известиле воениот обвинител дека, според информациите добиени од разузнавачите, Ahmet Er бил однесен од селото од страна на војници. После неговото ослободуваље на 16 јули 1995, Ahmet Er отишол во северен Ирак за да се придружи на PKK. Од тој датум немало никакви контакти со него.
33. На 17 февруари 2004 воениот обвинител го испрашал жалителот Ali Er, и Hacı Mehrap Er. И двајцата мажи ги повториле информациите кои веќе му ги кажале на јавниот обвинител од Чукурца.
34. На 3 март 2004 правниот застапник на жалителите побарал информации од јавниот обвинител од Чукурца за истрагата. Тој бил известен дека истрагата била предадена на канцеларијата Воениот обвинител во Ван.
35. На редовни интервали помеѓу 7 април 2004 до 23 ноември 2005 осум идентитични копии на документот во кој стоело дека Ahmet Er се приклучил кон PKK биле потпишани од различни воени службеници и испратени до Воениот обвинител во Ван во врска со неговото барање од 14 јануари 2004 (види параграф 31 погоре).
36. На 28 јули 2005 воениот обвинител одлучил дека и тој немал надлежност да врши истрага за исчезнувањето. Во неговата одлука обвинителот ги резимирал чекорите кои биле преземени во истрагата и изјавил дека на 14 јули 1995 Ahmet Er се однесувал сомнително и дека бил однесен од војниците. После тоа тој бил однесен на повеќе места на кои тој им ги покажувал на војниците експлозивните направи кои биле поставени од припадници на PKK. Војниците го однесле во бараките. Воениот обвинител заклучил дека, носејќи го Ahmet Er во нивните бараки а да го испрашаат, војниците вршеле судски, а не воени функции. Воените обвинители можеле само да истражуваат кривични дела извршени од припадници на оружените сили при вршење на воени должности Оттука, цивилните обвинители имале надлежност да продолжат со истрагата. Затоа досието било вратено назад до канцеларијата на јавниот обвинител од Чукурца.
37. Јавниот обвинител од Чукурца ја продолжил истрагата наредувајќи им на жандармите да продолжат да го бараат Ahmet Er.
38. На 15 2005 јавниот обвинител од Чукурца дал резиме на истрагата во извештај. Според извештајот, на 14 јули 1995Ahmet Er се однесувал сомнително и затоа бил однесен од војниците. Тој потоа им помогнал на војниците во наоѓањето на две нагазни мини. Тој останал во станицата на жандармеријта во Ишикли и бил „ослободен“ на 16 јули 1995. Според „тајните истраги“ водени од жандармите, Ahmet Er се приклучил на PKK откако бил ослободен. Јавниот обвинител од Чукурцадек канцеларијата на Воениот обвинител во Ван била надлежна да продолжи со истрагата, и го испратил истражниот предмет до таа канцелација.
39. На 5 јануари 2006 обвинителот во градот Ван издал налог за претрес и апсење на Ahmet Er за кривичното дело членство во илегална организација, имено PKK.
40. Во одговор на наводно прашање на жандармеријата во Чукурца, обвинителот во Ван воочил во писмо од 29 март 2006 дека фактот што семејството на Ahmet Er добило одлука од граѓанскиот суд со која тој се сметало дека бил починат не значел дека Ahmet Er бил навистина мртов. Тој одлучил дека потрагата по Ahmet Er требало да продолжи за тој да биде уапсен во согласност со налогот од 5 јануари 2006.
41. На следни датуми жандармеријата во Чукурца го известила обвинителот од Ван дека нејзнините напори да го најде и уапси Ahmet Er биле неуспешни.
ПРАВО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 2 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
42. Жалителите се жалеа дека припадници на оружените сили биле одговорни за исчезнувањето на нивниот роднина кој, според нив, требало да се смета дека починал спротивно на член 2 од Ковенцијата. Согласно истата одредба тие изјавија исто така дека државните органи не спровеле ефикасна истрага за исчезнувањето на Ahmet Er.
43. Член 2 од Конвенцијата гласи:
“1. Правото на живот на секој човек е заштитено со закон. Никој не може намерно да биде лишен од живот, освен со извршување на смртна казна, изречена со судска пресуда, со која е прогласен за виновен за кривично дело кое, според законот, се казнува со таква казна.
2. Се смета дека одредбите на овој член не се повредени доколку смртта настапила како резултат на апсолутно потребна употреба на сила:
а. во одбрана на секој поединец од незаконско насилство;
б. при апсење според закон или спречување на бегство на лице уапсено врз основа на закон;
в. при законско спречување на немир или бунт.“
44. Владата го оспори овој аргумент.
A. Допуштеност
45. Владата изјави дека жалителите не ги искористиле домашните правни лекови во смисла на член 35 § 1 од Конвенцијата. Во врска со тоа таа се повика на одлуката во случајот Uca v. Turkey ((dec.), no. 3743/06, 29 April 2008), и изјави дека жалителите можеле да побараат надомест на штета согласно Законот за загуби настанати од тероризам и борба против тероризмот од 2004 (види İçyer v. Turkey (dec.), no. 18888/02, § 44, ECHR 2006‑I).
46. Владата тврдеше, како алтернатива, дека жалителите не го испочитувале рокот од шест месеци предвиден со член 35 § 1 од Конвенцијата. Во врска со таа Владата изјави дека жалителите требало да се жалат до Судот во рок од шест месеци од одлуката на Граѓанскиот основен суд во Хакари од 29 мај 2003 (види параграф 29 погоре). Повикувајќи се на Kıniş v. Turkey ((dec.), no. 13635/04, 28 June 2005) и Aydın and Others v. Turkey ((dec.) no. 46231/99, 26 May 2005), Владата тврдеше дека од одлуката со која Ahmet Er се прогласува за мртов, жалителите требало да разберат дека повеќе нема да биде можно тој да биде најден.
47. Жалителите ги оспорија аргументите на Владата и тврдеа дека одлуката со која Ahmet Er се прогласува за мртов била донесена во врска со прашањето за наследство, таа немала влијание врз кривичната истрага и неговото исчезнување. Тие исто тврдеа дека, после исчезнувањето на Ahmet Er и уништувањето на нивното село од страна на безбедносните сили, тие морале да го напуштат нивниот дом и село и да се преселат во Хакари. Во времето на инцидентот некои од жалителите биле многу мали. Понатаму, тие биле сиромашни и необразовани луѓе и не ги познавале своите права. Дури неколку години откако се преселиле во Хакари тие можеле да обезбедат адвокат.
48. Што се однесува на приговорот на Владата заснован на тоа што жалителите не побарале надомест на штета, Судот посочува дека тој веќе го разгледал и отфрлил повикувањето на Владата на наведената одлука во случајот Uca во други два случаи кои исто така се однесувале на правото на живот (види, mutatis mutandis, Gasyak and Others v. Turkey, no. 27872/03, §§ 66-72, 13 October 2009; Fadime and Turan Karabulut v. Turkey, no. 23872/04, § 38, 27 May 2010). Судот не наоѓа посебни околности во овој случај кои би наложиле тој да отстапи од своите заклучоци во наведените случаи.
49. Исто така, Судот не може да го прифати аргументот на Владата дека рокот од шест месеци започнал да тече на 29 мај 2003 кога Граѓанскиот основен суд во Хакари донесол одлука за прогласување на смрт. Воочува во врска со тоа дека, согласно важечкото домашно право, жалителите започнале постапка за прогласување на смрт за да се одлучи по сопственички прашања и за да се регулира прашањето за старателство над трите мали деца на Ahmet Er.
50. Понатаму, обврската да се одговара за исчезнувањето и да се утврди и да се гони секој извршител на незаконити акти, како процедуралната обврска да се спроведе истрага, не може да заврши со откривањето на тело или прогласување на смрт (види, mutatis mutandis, Varnava and Others v. Turkey [GC], nos. 16064/90, 16065/90, 16066/90, 16068/90, 16069/90, 16070/90, 16071/90, 16072/90 and 16073/90, § 145, ECHR 2009). Всушност, обвинителот исто така сметал дека фактот дека била донесена одлука за прогласување на смрт од страна на граѓански суд не значела дека Ahmet Er бил мртов, и наредил дека потрагата по него треба да продоложи (види параграф 40 погоре).
51. Со оглед на наведеното Судот заклучува дека домашната постапка во однос на прогласувањето на смрт не може да има влијание врз прашањето на почитување на рокот од шест месеци. Она што останува е Судот да испита дали жалителите можат да бидат критикувани за тоа што чекали девет речиси девет години после исчезнувањето на Ahmet Er за да ја поднесат нивната жалба до Судот.
52. Судот повторува дека, според судксата прака за рокот од шест месеци во случаи кои се однесуваат на лишување од живот, ако нема домашни правни лекови или ако е оценето дека тие не се ефикасни, рокот од шест месеци во принцип почнува да тече од датумот на обжалениот акт. Посебни согледувања можат да важат во исклучителни случаи кога жалителот прво употебува домашен правен лек и дури покасно осознава, или требало да дознае, за околности кои го прават тој лек неефикасен. Во таква ситуација, рокот од шест месеци може да се пресмета од моментот во кој жалителот дознава, или требало да дознае, за тие околности (види Hazar and others v. Turkey (dec.), no. 62566/00, 10 January 2002; Bulut and Yavuz v. Turkey (dec.), no. 73065/01, 28 May 2002; Bayram and Yıldırım v. Turkey (dec.), no. 38587/97, ECHR 2002-III).
53. Одлуките на кои се повикува Владата (види параграф 46 погоре) во поддршка на нејзиниот аргумент дека жалителите требало да дознаат за неефикасноста на домашните лекови порано, како одлуките споменати во претходниот параграф, се однесуваат на незаконити убиства, каде карактерот и целите на истрагите се разликуваа од истрагите за исчезнувања.
54. При истраги за убиства, клучни докази вообичаено се достапни на истражните органи на почетокот на истрагата. Телото на жртвата, местото на настанот, сведочењето на очевидци и присуство на оружје употребено во извршувањето на кривичното дело, како што се куршуми и потрошени патрони, им даваат на истражителите добра положба и им обезбедуваат насоки во најраните фази од истрагата. Затоа, ако домашните органи, и покрај достапноста на такви траги, не почнат да преземаат значајни чекори да постапат по нив, или ако истрагата брзо го изгуби ритамот, жалителите може основано да се очекува дека станале свесни за неефикасноста на истрагата и да поднесат жалба до Судот без непотребно одлагање.
55. Во повеќето случаи на исчезнување, од друга страна, истражните органи мора да започнат многу малку докази и мора да бараат докази за го најдат исчезнатото лице или да ја дознаат неговата или нејзината судбина. Клучните докази можат да бидат откриени дури многу покасно (види Varnava and Others, цитиран погоре, § 162).
56. Понатаму, за разлика од истрагата за убиство, истрагата за исчезнување не служи само за да се утврдат околностите на убиството и пронаоѓање и казнување на сторителот. Клучната разлика помеѓу истрагите за исчезнувања е дека, со водењето на истрагата, државните органи исто така имаат цел да го најдат исчезнатото лице или да откријат што му/и се случило. Затоа, како што Судот одлучи во неговата пресуда во случајот Varnava and Others, во случаи на исчезнување кога има состојба на незнаење и несигурност и, по дефиниција, не се знае што се случило, ако нема изгледи за намерно криење или попречување од страна на некои државни органи, ситуацијата е помалку очигледна во споредба со случаи во однос на убиства. Потешко е за блиските на исчезнатите да оценат што се случува или што може да се очекува дека ќе се случи. Мора да се земат предвид несигурноста и забуната кое често го обележуваат периодот непосредно после исчезнување (ibid.).
57. Понатаму, како што Судот одлучи во случајот Varnava and Others, има уште две причини кои оправдуваат понерегиден пристап кога се испитува прашањето на почитување на рокот од шест месеци во случаи на исчезнување.Првата е консензусот во меѓународното право дека треба да биде возможно да се гонат кривично сторителите на такви кривични дела дури и многу години после настаните. Сериозниот карактер на исчезнувањата е таков да стандардот на навременост кој се очекува од блиските не може да биде преригорозен во контекст на заштитата согласно Конвенцијата (види Varnava and Others, цитиран погоре, §§ 162-164). Во врска со таа, Судот исто така забележува дека досието било препратено на воениот обвинител кој започнал нова истрага во 2004. Во текот на таа истрага воениот обвинител побарал дополнителни информации од локалните воени единици и испрашал еден од жалителите и двајца очевидци. Второ, во согласност со принципот на супсидијарност, најдобро е фактите на случајот да бидат истражени и прашањата да биде решени колку што е можно повеќе на домашно ниво. Во интерес е на жалителот, и на ефикасноста на системот на Конвенцијата, дека домашните органи, кои се во најдобра позиција тоа да го сторат, да дејствуваат за да ги исправат наводните повреди на Конвенцијата.
58. Во параграф 166 од неговата пресуда во случајот Varnava and Others Судот понатаму го заклучил следното:
„Во комплексна ситуација на исчезнување како што е оваа, која произлегува од меѓународен конфликт, каде се тврди дека постои целосно отсуство на било каква истрага или делотворен контакт со државните органи, може да се очекува дека блиските ќе се жалат на случајот, најкасно, неколку години после инцидентот. Ако постои некаква истрага, дури и спорадична и отежната со проблеми, блиските може основано да почекаат неколку години подолго сѐ додека надежта дека ќе се постигне напредок практично не исчезне. Кога поминале повеќе од десет години, жалителите генерално ќе мора убедливо да покажат дека бил постигнуван некаков континуиран и конкретен напредок за да го оправдаваат дополнителното одолговлекување во поднесувањето на жалба до Стразбур. Построги очекувања ке се применуваат во случаи во кои жалителите имаат директен домашен пристап до истражните органи.“
59. Во овој случај Судот воочува дека жалителите ја поднесоа нивната жалба до Судот во рок од десет години од исчезнувањето на нивниот роднина. Што се однесува на тоа дали тие ги исполниле построгите очекувања на Судот поради нивниот директен пристап на домашно ниво до истражните органи, Судот забележува дека тие го известиле обвинителот веднаш за притворањето на нивниот роднина од страна на војската. Тие потоа соработувале со обвинителот и обезбедиле сведочење на очевидици на обвинителот. Истрагата која ја отворил тој обвинител активно продолжила до 16 февруари 1996. Понатамошни чекори биле преземени во истрагата откако цивилниот обвинител одлучил на 10 декември 2003 дека воените обвинители биле надлежни да продолжат со истрагата. Во текот на новата истрага која започнала во 2004 воениот обвинител побарал дополнителни информации од локалните воени единици и повикал еден од жалителите и двајца очевидци во неговата канцеларија. Семејството и очевидците соработувале со воениот обвинител и дале дополнителни изјави (види параграф 33 погоре). Адвокатот кој тие го именувале во таа фаза исто така ги контактирал обвинителите и побарал информации за истрагата (види параграф 34 погоре).
60. Судот смета дека истрагата, иако спорадична (види Varnava and Others, цитиран погоре, § 166), била водена во текот на конкретниот период и дека жалителите правеле сѐ што можело од нив да се очекува за да им помогнат на државните органи. Судот понатаму смета дека одлуката донесена во 2003 од страна на цивилниот обвинител кој ги проценил доказите за вклученоста на војската во исчезнувањето на жалителот за веродостојни, како и следната истрага започната од воениот обвинител, мора да се земе дека ветувале нови моменти за жалителите. Со оглед на наведеното, Судот заклучува дека жалителите не пропуштиле да ја покажат потребната ажурност чекајќи истрагата која била во тек и новите истраги да доведат до резултати, и го отфрла приговорот на Владата за допуштеноста на овој жалбен навод заснован на рокот од шест месеци.
61. Судот исто така воочува дека овој жалбен навод не е очигледно неоснован во смисла на член 35 § 3 oд Конвенцијата. Исто така воочува дека не е недопуштен по било кој друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштен.
Б. Основаност
62. Жалителите останаа на нивните наводи и изјавија, особено, дека дури и ако се претпостави дека нивниот роднина бил земен од војниците како водич за областа, војницните сепак требало да ја испочитуваат важечката процедура со составување на официјален записник за моментот на негово влегување и ослободување од станицата на жандармеријата и требало да обезбедат дека тој е ослободен после преглед од лекар.
63. Владата изјави дека Ahmet Er бил земен после судир помеѓу припадниците на безбедносните сили и терористи. Тој потоа им помогнал на војниците да најдат повеќе нагазни мини поставени од страна на терористи. После нивното пристигнување во станицата на жандармеријата и после повеќе рутински проверки, војниците го ослободиле Ahmet Er.
64. Според Владата, анализирањето на списите од предметот не го поткрепувало заклучокот дека Ahmet Er починал. После неговото ослободување тој се приклучил на терористите во северен Ирак.
65. Според Владата, затоа што Ahmet Er не бил притворен не било потребно да се преземат процедуралните чекори кои важат за притворени лица. После исчезнувањето на Ahmet Er, и по барање на неговите блиски, била спроведена ефикасна истрага во текот на која биле сослушани сведоци и припадници на безбедносните сили. Домашните органи немале обврска да најдат лице кое повеќе не е во земјата.
1. Оцена на Судот на доказите и утврдувањето на доказите
66. Судот повторува дека домашните органи се одговорни за благосостојбата на лицата кои се во притвор и дека тужените држави го имаат товарот да дадат задоволително објаснување за било какви повреди, смрт и исчезнувања настанати во притвор (види, соодветно, Selmouni v. France [GC], no. 25803/94, § 87, ECHR 1999-V; Salman v. Turkey [GC], no. 21986/93, § 99, ECHR 2000‑VII; и Tanış and Others v. Turkey, no. 65899/01, § 160, ECHR 2005–VIII).
67. Судот воочува дека не е спорно помеѓу странките дека роднината на жалителите Ahmet Er бил однесен во станицата на жандармеријата од страна на војници на 14 јули 1995. Во врска со тоа Судот воочува дека повеќе војници исто така потврдиле дека Ahmet Er бил однесен во станицата на жандармеријата (види параграфи 14 и 26-27 погоре). Она што е спорно е дали тој бил ослободен на 16 јули 1995, како што тврди Владата.
68. Во врска со тоа Судот не може да го прифати аргументот на Владата дека затоа што Ahmet Er не бил притворен не било потребно да се преземат процедурални мерки кои важат за притворено лице.
69. Во врска со тоа, Судот воочува дека незаконитиот карактер на притворањето на лица во југоисточна Турција без никакви податоци да се внесат во записници за притвор се воочени од Судот во претходни пресуди (види, inter alia, Orhan v. Turkey, no. 25656/94, § 372, 18 June 2002). Во повеќе од неговите пресуди Судот го има испитано пропуштањето на припадници на оружените сило да водат адекватна евиденција и заклучил дека пропустите во водењето на таа евиденција го потврдувала отсуството на ефикасни мерки за заштита од ризик од исчезнување на лица во притвор (ibid., параграфи 313 и 372 и случаите цитирани во таа пресуда, види исто така Çiçek v. Turkey, no. 25704/94, § 137, 27 February 2001). Затоа, Судот не може да им даде било какво значење на незадоволителната и арбитрерна разлика помеѓу тоа да се биде притворен и да се биде однесен со цел да се помогне на војската (види, mutatis mutandis, Çiçek, цитиран погоре, § 137).
70. Судот ќе се занимава со незаконитиот карактер на притворот на Ahmet Er кога ќе го разгледува жалбениот навод по член 5 од Конвенцијата (види параграфи 98-105 погоре). Во оваа фаза, доволно е да се воочи дека во смисла на член 2 од Конвенцијата, за да се смета дека некое лице било притворено не е потребно почитување на важечките правила на домашната процедура за притворање. Обврската да се има одговорност за благосостојбата на притвореник постои дури и кога не било докажано дека тоа лице било притворено од државните органи, ако се утврди дека тој или таа бил/а официјално повикан/а од војската или полицијата, бил/а примен/а во место под нивна контрола и оттогаш не е повеќе виден/а. Во такви околности, товарот е на Владата да даде задоволително објаснување за тоа што се случило во тие простории и да покаже дека засегнатото лице не било притворено од органите, туку дека ги напуштило просториите без потоа да биде лишено или лишена од слобода (види Tanış and Others, цитиран погоре, § 160).
71. Како што Судот кажал во неговата пресуда во случајот Tanış and Others, обврската да даде објаснување за судбината на притворено лице продолжува сѐ додека тие не покажат дека лицето било ослободено. Исто така, во неговата пресуда во случајот Süheyla Aydın v. Turkey (no. 25660/94, § 154, 24 May 2005), кој се однесува на незаконитото убиство на сопругот на г-ѓа Aydın откако тој бил наводно ослободен од полициски притвор, Судот заклучил дека отсуството на било каков официјален документ за ослободување значело дека Владата не докажала како што била должна дека г-н Aydın бил навистина ослободен, и заклучил дека тужената држава била одговорна за убиството.
72. При донесувањето на заклучокот во случајот Süheyla Aydın Судот го имал предвид член 11 од Декларацијата за заштита на сите од лица од присилно исчезнување (Резолуција на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации 47/133 oд 18 декември 1992), кој предвидувал дека „сите лица кои се лишени од слобода мора да бидат ослободени на начин кој дозволува веродостојно да биде потврдено дека тие биле навистина ослободени во услови во кои нивниот физички интегритет и можноста целосно да ги користат нивните права се обезбедени“ (види член 21 од Меѓународната ковенција за заштита на сите лица од присилно исчезнување, која влезе во сила на 23 декември 2010).
73. Во овој случај, како што беше прецизирано погоре, иако неговото присуство во станицата на жандармеријата било признато, не биле составени никакви документи од страна на воените службеници во однос на притворот на Ahmet Er или неговото наводно ослободување. Понатаму, на обвинителот кој го истражувал исчезнувањето му биле дадени збунувачки и контрадикторни информации од страна на воените службеници во врска со наводното ослободување на Ahmet Er од станицата на жандармеријата (види параграфи 14 и 23 и 24 и 26 погоре).
74. Со оглед на наведеното Судот заклучува дека е утврдено дека роднината на жалителите Ahmet Er останал во државен притвор. Следува дека Владата има обврска да даде објаснување за неговото исчезнување.
75. Врз основа на овој заклучок, Судот ќе ги испита жалбените наводи на жалителите согласно член 2 од Конвенцијата.
2. Исчезнувањето на Ahmet Er
76. Во пресудата Timurtaş v. Turkey (no. 23531/94, §§ 82-83, ECHR 2000‑VI) Судот го кажал следното:
... кога едно лице е притворено во добра здравствена состојба, но се утврди дека е повредено во моментот на ослободување, државата е должна да даде задоволително ослободување за тоа како дошло до тие повреди, во спротивно на што доаѓа до спорно прашање согласно член 3 од Конвенцијата ... Исто така, член 5 наметнува обврска на државата да одговара за тоа каде се наоѓа лицето кое било притворено и кое на тој начин било ставено под контрола на државните органи....Дали пропуштањето на органите да дадат задоволително објаснување за судбината на притвореникот, ако не е најдено тело, може да отвори прашање и по член 2 од Конвенцијата ќе зависи од сите околности на случајот, особено постоењето на доволно посредни докази, засновани на конкретни елементи, од кои може да се заклучи согласно потребниот стандард на докажување дека притвореникот мора да се претпостави дека починал во притвор ...
Во тој поглед временскиот период кој поминал откако лицето било ставено во притвор, иако не е одлучувачки сам по себе, е релевантен фактор кој треба да се земе предвид. Мора да се прифати дека колку повеќе време поминува без било какви новости од притвореното лице, поголема е веројатноста дека тој или таа починал/а. Протекот на време може затоа во некој степен да влијае на тежината кој им се дава на другите елементи на посредни докази пред да биде заклучено дека конкретното лице треба да се претпостави дека е мртво. Во тој поглед Судот смета дека оваа ситуација отвора прашања кои одат подалеку од незаконит притвор спротивно на член 5. Такво толкување е во согласност со ефикасната заштита на правото на живот обезбедена со член 2, која е една од најфундаменталните одредби на Конвенцијата ...“
77. Во овој случај, роднината на жалителите Ahmet Er исчезнал во 1995. Судот забележува дека неговото исчезнување се поклопува со образецот на исчезнувања на голем број на лица во југоисточна Турција од 1992 до 1996. Во неговото испитување на повеќе од тие исчезнувања Судот има донесено заклучок дека исчезнувањето на лице во југоисточна Турција во релевантниот период можело да се смета за опасно по живот (види, помеѓу другите пресуди, Osmanoğlu v. Turkey, no. 48804/99, 24 January 2008; Akdeniz v. Turkey, no. 25165/94, 31 May 2005; İpek v. Turkey, no. 25760/94, ECHR 2004‑II (extracts); Akdeniz and Others v. Turkey, no. 23954/94, 31 May 2001; Çiçek, цитиран погоре; Taş v. Turkey, no. 24396/94, 14 November 2000; Timurtaş, цитиран погоре; Ertak v. Turkey, no. 20764/92, ECHR 2000‑V; и Çakıcı v. Turkey [GC], no. 23657/94, ECHR 1999‑IV).
78. Понатаму, Судот смета дека тоа што нема било какви писмени докази во врска со притворот на Ahmet Er во станицата на жандармеријата го зголемило ризикот по неговиот живот во генералниот контекст на ситуацијата во југоисточна Турција во моментот на неговото исчезнување.
79. Од горните причини, и со оглед на фактот дека не се појавиле никакви информации за тоа каде се наоѓа Ahmet Er во текот на период од речиси седумнаесет години откако бил притворен од безбедносните сили, Судот прифаќа дека мора да се претпостави дека тој е мртов. Последователно, одговорноста на тужената држава за неговата смрт е ангажирана. Воочувајќи дека органите не дале објаснување за тоа што се случило во текот на притворот на Ahmet Er и дека не се повикале на било каков основ на оправдување за можна употреба на сила со смртоносен исход од страна на нивните службени лица, следува дека одговорноста за неговата смрт може да се припише на тужената Влада. Затоа, имало повреда на член 2 од Конвенцијата во неговиот материјален аспект.
2. Ефикасност на истрагата за исчезнувањето на Ahmet Er
80. Судот повторува дека обврската да се заштити правото на живот согласно член 2 од Конвенцијата, земена заедно со генералната должност на државата согласно член 1 „да ги обезбедите на дите во нејзина надлежност правата и слободите дефинирани во Конвенцијата“, имплицитно наложува дека треба да има некој вид на ефикасна официјална истрага кога поединци се убиени како последица на употреба на сила (види McCann and Others v. the United Kingdom, 27 September 1995, § 161, Series A no. 324). Во врска со тоа, Судот посочува дека оваа обврска не е ограничена на случаи во кои е очигледно дека убиството било предизвикано од овластено лице на државата (види Salman, цитиран погоре, § 105).
81. Истрагата исто така мора да биде ефикасна во смисла на тоа дека таа може да доведе до интентификација и казнување одговорните (види Oğur v. Turkey [GC], no. 21594/93, § 88, ECHR 1999-III). Ова не е обврска во однос на резултатите, туку во однос на средства. Државните органи мора да ги презеле разумните чекори кои се достапни за да обезбедат докази во врска со инцидентот, вклучувајќи, помеѓу останато, сведочење на очевидци (види Tanrıkulu v. Turkey [GC], no. 23763/94, § 109, ECHR 1999‑IV). Секој пропуст во истрагата која ја поткопува можноста да се утврди причината за смрта или лицето кое е одговорно претставува ризик дека тој тој стандард нема да биде достигнат. Потребата за брзо постапување е особено важно кога има наводи за исчезнување во притвор.
82. Наведените обврски подеднакво се применуваат во случаи во кои лицето исчезналло во околности кои може да се сметаат за опасни по живот. Во врска со тоа, Судот веќе одлучи дека исчезнувањето на роднината на жалителот може да се смета за опасно по живот (види параграф 77 погоре).
83. Во овој случај обвинителот бил известен за притворот на Ahmet Er истиот ден кога тој бил притворен, што значи, на 14 јули 1995. Сепак, Судот забележува дека брзите, детални и сериозни наводи во врска со притворот на роднината на жалителите од страна на безбедносните сили не го мотивирале обвинителот да преземе мерки.
84. Се чини дека никакви чекори не биле преземени од тој обвинител сѐ до два дена покасно кога тој контактирал со градоначалникот командос по телефон (види параграф 14 погоре). Дури и кога градоначалникот командос потврдил дека Ahmet Er бил однесен во станицата на жандармеријата, и семејството потврдило дека Ahmet Er не бил ослобден, обвинителот не испрашал ниту еден припадник на безбедносните сили за уште еден период од пет месеци (види параграф 23 погоре). Иако обвинителот поставувал прашања и вредно ги потсетувал воениот персонал кои не одговориле на неговите повици, се чини дека неговата истрага ја изгубила силата дури и откако воените службеници потврдиле дека Ahmet Er бил задржан во воената станица без да се почитува важечката домашна процедура.
85. Се чини дека обвинителот прифатил без понатамошна истрага дека она што војниците му го кажале за наводното ослободување на Ahmet Er. Обвинителот не презел никакви чекори, на пример, за да осигура дека воените службеници биле повикани да одговараат за незаконитото притворање на Ahmet Er во станицата на жандармеријата.
86. Со оглед на наведеното Судот смета дека не биле направени сериозни обиди од обвинителите за да откријат што се случило со роднината на жалителите.
87. Со оглед на наведеното Судот заклучува дека истрагата спроведена за исчезнувањето на роднината на жалителите била неадекватна и затоа спротивна на процедуралната обврска на државата да го заштити правото на живот. Затоа имало повреда на член 2 од Конвенцијата во неговиот процедурален аспект.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА ВО ОДНОС НА AHMET ER
88. Жалителите тврдеа дека имало повреда на член 3 од Конвенцијата и тврдеа дека нивниот роднина Ahmet Er бил подложен на злоупотреба кога бил притворен во станицата на жандармеријата.
89. Владата го оспори тој аргумент.
90. Судот го разгледа наводот на жалителите со оглед на доказите кои беа доставени. Судот смета дека нема доволно основи за да се заклучи дека Ahmet Er бил жртва на постапување спротивно на член 3 од Конвенцијата во станицата на жандармеријата.
91. Следува дека овој жалбен навод е очигледно неоснован и мора да биде отфрлен согласно член 35 §§ 3 и 4 oд Конвенцијата.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА ВО ОДНОС НА ЖАЛИТЕЛИТЕ
92. Жалителите тврдеа дека имало повреда на член 3 од Конвенцијата поради нивното страдање предизвикано од тоа што не можеле да дознаат што му се случило на нивниот роднина. Член 3 од Конвенцијата предвидува:
„Никој не може да биде подложен на мачење или нечовечко или понижувачко постапување или казнување.“
93. Судот воочува дека овој жалбен навод е поврзан со наводот разгледан погоре (види параграф 61 погоре) и затоа мора да биде прогласен за допуштен.
94. Судот повторува дека прашањето дали член на семејството на „исчезнато лице“ е жртва на постапување спротивно на член 3 од Конвенцијата ќе зависи од постоењето на специјални фактори кои му даваат на страдањето на жалителот димензија и карактер различен од емотивната болка која може да се смета дека е неизбежно предизвикана на блиските на жртва на тешка повреда на човековите права. Во релевантни елементи спаѓаат блискоста на семејната врска – во тој контекст, определена тежина се дава на врската родител-дете -, конкретните околности на врската, степенот во кој членот на семејството сведочел на настаните за кои станува збор, инволвираноста на членот на семејството во обидите да се добијат информации за исчезнатото лице и начинот на кој државните органи одговориле на тие барања за информации (види İpek, цитиран погоре, §§ 181-183,и пресудите цитирани во таа пресуда). Судот понатаму нагласува дека суштината на таква повреда не лежи толку многу во фактот на „исчезнувањето“ на членот на семејството туку се однесува на реакциите и ставот на органите кон ситуацијата кога се информирани за неа. Особено во однос на тој елемент роднина може да тврди дека е директна жртва на постапувањето на органите (види Çakıcı, цитиран погоре, § 98).
95. Во овој случај, Судот воочува дека жалителите се деца и брат и сестра на на исчезнатото лице Ahmet Er. Некои од нив биле сведоци кога Ahmet Er бил однесен од војниците пред речиси седумнаесет години и жалителот немаат слушнато ништо за него оттогаш. И покрај тоа што жалителите се обратиле до домашните органи за да го пријават исчезнувањето на нивниот роднина и да ги споделат со нив информациите кои ги имале непотврдениот притвор, органите не презеле делотворни дејствија, и покрај незаконитиот карактер на притворот (види параграф 87 погоре).
96. Со оглед на наведеното, Судот заклучува дека жалителите претрпеле, и сѐ уште трпат, болка и вознемиреност како последица на исчезнувањето на нивниот близок и тоа што не можеле да откријат што му се случило. Начинот на кој било постапено по нивните жалби од страна на органите мора да се смета дека претставува нечовечко постапување спротивно на член 3 од Конвенцијата (види Tanış and Others, цитиран погоре, §§ 218-221).
97. Судот затоа заклучува дека имало повреда на член 3 од Конвенцијата во однос на жалителите.
IV. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 5 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
98. Жалителите понатаму се жалеа дека нивниот роднина бил лишен од слобода спротивно на член 5 од Конвенцијата.
99. Владата го оспори тој аргумент.
100. Член 5 од Конвенцијата, во делот во кој е релевантен, предвидува:
„1. Секој има право на слобода и на безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на закон во долунаведените случаи:
а. ако издржува казна затвор по пресуда на надлежниот суд;
б. ако бил уапсен или притворен поради противење на законскиот налог на судот или со цел да се обезбеди извршување на со закон пропишана обврска;
в. ако е уапсен или притворен поради приведување пред надлежна судска власт, кога постои оправдано сомнение дека тоа лице извршило кривично дело, или кога постојат оправдани причини тоа лице да се спречи да изврши кривично дело, или по извршувањето на кривичното дело да побегне;
г. ако се работи за притвор на малолетник врз основа на законска процедура, заради воспитување под надзор или заради приведување пред надлежна судска власт;
д. ако се работи за притвор на лице за да се спречи ширење на некоја заразна болест, на ментално оболени лица, алкохоличари, наркомани и скитници;
ѓ. ако се апси или притвора лице врз основа на закон, со цел да се спречи илегално да влезе во земјата или лице против кое е во тек постапка за протерување или израчување.
....“
101. Судот воочува дека овој жалбен навод е поврзан со наводот анализиран погоре (параграф 61) и затоа мора исто така да се прогласи за допуштен.
102. Судот ја нагласува фундаменталната важност на гаранциите содржани во член 5 од Конвенцијата за обезбедување на правото на поединците во една демократија да бидат слободни од арбитрерно лишување од слобода од страна на државните органи. Судот има нагласено во врска со тоа дека секое лишување од слобода не само што мора да биде спроведено во согласност со материјалните и процедуралните правила на домашниот закон туку исто така мора да биде во согласност со самата цел на член 5 од Конвенцијата, имено да се заштити поединецот од арбитрерно лишување од слобода.
103. Со цел да се минимизираат ризиците од арбитрерно лишување од слобода, член 5 од Конвенцијата предвидува корпус на материјални права кои треба да обезбедат дека актот на лишување од слобода е подложен на независна судска оцена и обезбедуваат одговорност на органите за таа мерка. Непотврдениот притвор на едно лице е целосно негирање на тие гаранции и открива најсериозна повреда на член 5 од Конвенцијата. Со оглед на одговорноста на органите да одговараат за лицата под нивна контрола, член 5 од Конвенцијата бара од нив да преземат ефикасни мерки за заштита од ризик од исчезнување и да спроведат навремена и ефикасна истрага за докажливо тврдење дека некое лице биле притворено и оттогаш не било видено повеќе (види Akdeniz, цитиран погоре, парагараф 129 и пресудите цитирани во таа пресуда).
104. Судот веќе утврди дека роднината на жалителите Ahmet Er бил однесен од селото од страна на припадници на безбедносните сили на 14 јули 1995 и дека тој бил последен пат виден кај нив во станицата на жандармеријата. Неговиот притвор таму не бил заведен во релевантните записници за притвор и не постои службен запис за неговото наводно ослободување. Според Судот, овој факт сам по себе мора да се смета најсериозен пропуст затоа што им овозможува на оние кои се одговорни за актот на лишување од слобода да ја сокријат нивната инволвираност во кривично дело, да ги покријат трагите и да избегнат одговорност за судбината на притвореникот. Понатаму, не чувањето на записи за податоци за такви прашања како што се датумот, времетото и местото на притворање, името на притвореникот како и причините за притвор, името на лицето кое го спроведува притворањето и времето и датумот на ослободување мора да се сметаат за неспојливи со самата цел на член 5 од Конвенцијата (ibid., параграф 130).
105. Затоа, Судот заклучува дека Ahmet Er бил држен во непотврден притвор во целосно отсуство на заштитните механизми содржани во член 5 од Конвенцијата и дека имало повреда на правото на слобода и безбедност на личноста гарантирано со таа одредба.
V. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 13 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
106. На крај, жалителите се жалеа дека тие немале ефикасен правен лек во смисла на член 13 од Конвенцијата со кој би добиле истрага за исчезнувањето и последователната смрт на нивниот роднина и да бараат надомест на штета.
107. Владата остана на тврдењето дека била спроведена ефикасна истрага од страна на домашните органи.
108. Член 13 од Конвенцијата предвидува:
„Секој, чии права и слободи признати со оваа Конвенција, се нарушени, има право на ефикасен правен лек пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност.“
109. Судот воччува дека овој жалбен навод е поврзан со наводот анализиран погоре (параграф 61) и затоа мора исто така да се прогласи за допуштен.
110. Судот повторува дека член 13 од Конвенцијата ја гарантира достапноста на домашно ниво на правен лек за спроведување на суштината на правата и слободите од Конвенцијата во која и да форма тие се обезбедени во домашниот правен поредок. Член 13 од Конвенцијата затоа бара обезбедување на домашен правен лек за да се одлучува за суштината на „докажлив жалбен навод“ [“arguable complaint”] согласно Конвенцијата и да се додели соодветно обештетување, иако на државите договорнички им е обезбедена определена слободна дискреција во однос на начинот на кој тие постапуваат во согласност со нивните обврски од Конвенциата според таа одредба. Опсегот на обврската од член 13 од Конвенцијата исто така се разликува во зависност од карактерот на жалбениот навод на жалителот според Конвенцијата. Сепак, правниот лек кој член 13 од Конвенцијата го наложува мора да биде „ефикасен“ во пракса како и во закон, особено во таа смисла дека неговото користење не смее да биде неоправдано попречено со акти или пропуштања на органите на тужената држава (види Aksoy v. Turkey, 18 December 1996, § 95, Reports of Judgments and Decisions 1996-VI).
111. Понатаму, кога роднините дале докажливо тврдење дека член на нивното семејство исчезнал поради дејствија на органите, или кога во прашање е право кое е со толку фундаментална важност како правото на живот, член 13 бара, покрај исплата на надомест на штета кога е тоа соодветно, темелна и ефикасна истрага која може да доведе до идентифилација и казнување на оние кои се одговорни (види Timurtaş, цитиран погоре, параграф 111, и другите пресуди цитирани во таа пресуда).
112. Со оглед на фактот што Судот одлучи дека домашните органи не ја исполниле нивната обврска да го заштитат животот на роднината на жалителите, жалителите имале право на ефикасен правен лек во смислата наведена во претходниот параграф.
113. Затоа, домашните органи имале обврска да спроведат ефикасна истрага за исчезнувањето на роднината на жалителите. Со оглед на прагарафите 83 и 87 погоре, Судот заклучува дека тужената држава не ја исполнила оваа обврска.
Последователно, имало повреда на член 13 од Конвенцијата.
VI. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
114. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
A. Материјална штета
115. Првите седум жалители, кои се деца на Ahmet Er, побараа 25,000 турски лири[2] (TRY) за секој поединечно а осмиот жалител, г-н Ali Er, побара TRY 45,000[3], за материјална штета. Деветтата жалителка, г-ѓа Mumi Er, не побара надомест на материјална штета.
116. Жалителот г-н Ali Er изјави дека две години после исчезнувањето на неговиот брат, сопругата на неговиот брат починала и дека немало кој да се грижи за децата. Г-н Er тврдеше дека тој се грижел за неговите внуци и внуки после исчезнувањето на нивниот татко. Во поткрепа на неговите тврења тој достави до Судот допис потпишан од локален орган, во кој се наведува дека шест од првите седум жалителите сѐ уште живеат во изнајмениот стан на г-н Er.
117. Владата сметаше дека немало причинско-последична врска помеѓу штетата која жалителите барале да биде надоместена и нивните жалбени наводи. Таа исто така изјави дека бараните износи биле неосновани.
118. Што се однесува на барањето на жалителите за надомест на материјална штета, со судската пракса на Судот е утврдено дека мора да има тесна причинско-последична врска помеѓу надоместот на штета кој го барале жалителите и повредата на Конвенцијата и дека тоа може, во соодветни случаи да вклучува надомест за загубена заработувачка (види, помеѓу останатите претходни пресуди, Barberà, Messegué and Jabardo v. Spain (Article 50), 13 June 1994, §§ 16-20, Series A no. 285‑C, и Çakıcı, цитиран погоре, параграф 127). Судот одлучи (види параграф 79 погоре) дека државните органи биле одговорни согласно член 2 од Конвенцијата за исчезнувањето и последователната смрт на роднината на жалителите.
119. Судот исто така воочува дека тврдењето на осмиот жалител дела тој се грижел за децата на неговиот брат после неговото исчезнување не беше оспорено од Владата. Во тие околности, утврдена е директна причинско-последична врска помеѓу повредата на член 2 и загубата на финансиската поддршка обезбедувана од Ahmet Er за жалителите.
120. Со оглед на наведеното Судот, одлучувајќи на правична основа, му доделува на осмиот жалител, Ali Er, износ од 25,000 евра (EUR). Исто така им доделува на првите седум жалители заедно, имено г-н Mehmet Er, г-ѓа Gülşen Er, г-н İslam Er, г-н Adnan Er, г-н Hızır Er, г-ца Hatice Erи г-ца Belkısa Er, износ од 35,000 евра.
Б. Нематеријална штета
121. Секој од деветте жалители побара по TRY 35,000[4] за нематеријална штета.
122. Владата сметаше дека бараните износи се превисоки и непоткрепени со докази. Според Владата утврдувањето на повреда би претставувало доволен надомест за било каква нематеријална штета претпрена од жалителите.
123. Судот забележува дека тој заклучил дека органите треба да се сметаат одговорни за исчезнувањето и смртта на роднината на жалителите. Покрај повредата на членовите 2, 3 и 5 во тој поглед, Судот исто така заклучи дека органите не презеле ефикасна истрага или не предвиделе правен лек во однос на тие повреди, спротивно на процедуралната обврска согласно член 2 од Конвенцијата и спротивно на член 13 од Конвенцијата. Во овие околности, Судот му доделува на осмиот и на деветтиот жалител, имено на г-н Ali Er и г-ца Mumi Er, по 5,000 евра, а на останатите седум жалителите заедно иснос од 55,000 евра за нематеријална штета.
В. Трошоци на постапката
124. Жалителите изјавија дека тие имале трошоци за нивната жалба, и доставија до Судот документи кои покажуваат пренод во вкупен износ од TRY 450[5] на нивниот правен застапник за трошоци за превод. Жалителите исто така доставија до Судот документи со кои се докажува дека тие имале редовни состаноци со нивниот правен застапник.
125. Владата сметаше дека жалителите не поднесле барање за надомест на трошоците.
126. Според судската пракса на Судот, жалителот има право на надомест на трошоци само ако се докаже дека тие биле фактички и целесообразно направени и кои се со разумен износ. Во овој случај, со оглед на документите со кои располага Судот им доделува на сите жалители заедно износ од 250 евра за трошоци за превод.
Г. Затезна камата
127. Судот смета дека е соодветно затезната камата да се пресмета согласно најниската каматна стапка на Европската централна банка, на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Го прогласува жалбениот навод во однос на наводната злоупотреба на која била подложен роднината на жалителите Ahmet Er во станицата на жандармеријата за недопуштен, а останатион дел од жалбата за допуштен;
2. Одлучува дека имало повреда на член 2 од Конвенцијата поради исчезнувањето и претпоставената смрт на роднината на жалителите;
3. Одлучува дека имало повреда на член 2 од Конвенцијата поради пропуштањето на државните органи на тужената држава да спроведат адекватна и ефикасна истрага за исчезнувањето на роднината на жалителите и последователната претпоставка дека тој е мртов;
4. Одлучува дека имало повреда на член 3 од Конвенцијата во однос на жалителите;
5. Одлучува дека имало повреда на член 5 од Конвенцијата поради незаконитото лишување од слобода на роднината на жалителите во станицата на жандармеријата;
6. Одлучува дека имало повреда на член 13 од Конвенцијата;
7. Одлучува
(a) дека тужената држава треба да им ги плати на жалителите, во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане конечна согласно член 44 § 2 oд Конвенцијара, следните износи, кои треба да бидат конвертирани во валутата на тужената држава по курс кој важи на датумот на исплата:
(i) EUR 35,000 (триесет и пет илјади евра), плус секој данок кој може да биде пресметан, заедно на првите седум жалители во однос на материјална штета;
(ii) EUR 25,000 (дваесет и пет илјади евра), плус секој данок кој може да биде пресметан, на осмиот жалител, г-н Ali Er, во однос на материјална штета;
(iii) EUR 5,000 (пет илјади евра), плус секој данок кој може да биде пресметан, подинечно на осмиот и деветтиот жалител, имено г-н Ali Er и г-ѓа Mumi Er, во однос на нематеријална штета;
(iv) EUR 55,000 (педесет и пет илјади евра), плус секој данок кој може да биде пресметан, заедно на останатите седум жалители во однос на нематеријална штета;
(v) EUR 250 (двесте и педесет евра), плус секој данок кој може да им биде пресметан на жалителите за тој износ, во однос на трошоци на постапката;
(б) дека по истекот на наведените три месеци до исплата ќе се пресмета камата на горните износи еднаква на најниската каматна стапка на Европската централна банка, за односниот период плус три процентни поени;
8. Го одбива со шест гласа против еден останатиот дел од барањето на жалителите за правичен надоместок.
Изработена на англиски јазик, и доставена во писмена форма на 31 јули 2012, согласно правило 77 §§ 2 и 3 од Правилата на Судот.
Stanley NaismithFrançoise Tulkens
СекретарПретседател
Согласно член 45 § 2 oд Конвенцијата и правило 74 § 2 oд Правилата на Судот, издвоеното мислење на судијата A. Sajó е приклучено кон оваа пресуда.
F.T.
S.H.N.
Издвоеното мислење не беше преведено но, се појавува на англиски јазик во верзијата на официјален јазик на пресудата која може да се најде во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
[1] Партија на курдистанските работници, илегална организација.
[2] Приближно 14,000 евра.
[3] Приближно 25,000 евра.
[4] Приближно 19,500 евра.
[5] Приближно 250 евра.
Full & Egal Universal Law Academy