© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТИ ОДДЕЛ
CЛУЧАЈ EWEIDA И ДРУГИ против ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
(Жалби бр. 48420/10, 59842/10, 51671/10 и 36516/10)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
15 јануари 2013
Оваа пресуда ќе стане кончена под условите предвидени со член 44, став 2 од Конвенцијата. Таа може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Eweida и други против Обединетото Кралство,
Европскиот суд за човекови права (Четврти оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
David Thór Björgvinsson, Претседател,
Nicolas Bratza,
Lech Garlicki
Päivi Hirvelä,
Zdravka Kalaydjieva,
Nebojša Vučinić,
Vincent A. De Gaetano, судии,
и Lawrence Early, Секретар на оддел,
Откако расправаше на затворени седници на 4 септември и 11 декември 2012 година,
Ја донесува следната пресуда којашто беше усвоена на второспоменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со четири жалби (бр. 48420/10, 59842/10, 51671/10 и 36516/10) против Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на четворица британски државјани,
г-ѓа Nadia Eweida, г-ѓа Shirley Chaplin, г-ѓа Lillian Ladele и г-н Gary McFarlane („жалителите“), на 10 август 2010, 29 септември 2010, 3 септември 2010 и 24 јуни 2010 година, соодветно.
2. Жалителите ги застапуваа: Aughton Ainsworth, aдвокатска фирма од Манчестер, (г-ѓа Eweida), г-н Paul Diamond, (г-ѓа Chaplin и г-н McFarlane), и Ormerods, aдвокатска фирма од Кројдон, Сури, (г-ѓа Ladele). Владата на Обединетото Кралство („Владата“) беше застапувана од нејзиниот агент, г-ѓа Ahila Sornarajah.
3. Жалителите се жалеа дека домашното право не го заштитувало адекватно правото да ја изразуваат нивната религија. Г-ѓа Eweida и г-ѓа Chaplin конкретно се жалат на ограничувањата кои се воведени од нивните работодавачи на нивното носење на крст на видлив начин околу вратот. Г-ѓа Ladele и г-н McFarlane конкретно се жалат на санкции изречени против нив од страна на нивните работодавачи како последица на нивните забелешки во врска со давањето на услуги за кои сметале дека поддржуваат хомосексуална заедница. Г-ѓа Eweida, г-ѓа Chaplin и г-н McFarlane се повикаа на член 9 од Конвенцијата, земен сам и во врска со член 14, додека пак г-ѓа Ladele се жалеше само по член 14 во врска со член 9.
4. На 12 април 2011 жалбата на г-ѓа Chaplin беше приклучена кон жалбата на г-ѓа Eweida, а жалбата на г-н McFarlane беше приклучена кон жалбата на г-ѓа Ladele. Сите четири жалби беа комуницирани до Владата. Судот исто така одлучи истовремено да донесе одлука за допуштеноста и основаноста на жалбите (член 29, став 1). На денот на донесување на оваа пресуда, Судот исто така одлучи да ги спои сите четири жалби.
5. Следните поединци и организации добија дозвола од Претседателот да интервенираат како трети страни во писмениот дел од постапката (член 38, став 2 од Конвенцијата и правило 44, став 2): Комисијата за еднаквост и човекови права, Националното секуларно друштво, д-р Jan Camogursky, Фондот за одбрана на алијансата [The Alliance Defense Fund]; бискупот Michael Nazir-Ali;, Првиот концерн на христијански медиуми [Premier Christian Media Trust]; бискупите од Чостер и Блекбарн, Здружението Giuseppi Dossetti: i Valori; Oпсерваторијата за нетолеранција и дискриминација на христијани во Европа, Liberty, Институтот Clapham и KLM; Европскиот центар за право и правда, Лордот Carey oд Clifton; и Меѓународната федерација на лиги за човекови права [Fédération Internationale des ligues des Droits de l’Homme (FIDH, ICJ, ILGA-Europe).]
6. Јавна расправа се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур на 4 септември 2012 година (правило 59, став 3).
Пред Судот пристапија:
(a) за Владата
г-ѓа Ahila SORNARAJAH Aгент на Владата
г-н James EADIE QCАдвокат
г-н Dan SQUIRESАдвокат
г-ѓа Suzanne LEHRER Советник
г-н Hilton LESLIE Советник
г-н Wally FORD Советник
(б) за првата жалителка
г-н James DINGEMANS QC Адвокат
г-ѓа Sarah MOORE Адвокат
г-н Thomas ELLIS Адвокат
г-н Gregor PUPPINCK Советник
(в) за втората жалителка
г-ѓа Dinah ROSE QCАдвокат
г-н Ben JAFFEYАдвокат
г-н Chris McCRUDDEN Адвокат
г-н Mark JONES Советник
г-н Sam WEBSTER Советник
(г) за третиот и четвртиот жалител
г-н Paul DIAMOND Адвокат
г-н Paul COLEMAN Адвокат
г-н Pasha HMELIK Адвокат
г-ѓа Andrea WILLIAMS Советник
г-н Andrew MARSH Советник
Судот слушна обраќања од г-н Eadie QC за Владата, г-н Dingemans QC за г-ѓа Eweida, г-ѓа Rose QC за г-ѓа Ladele и г-н Diamond за г-н Chaplin и г-н McFarlane.
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
7. Првата жалителка г-ѓа Eweida, е родена во 1951 и живее во Твикенхем. Втората жалителка, г-ѓа Chaplin, е родена во 1955 и живее во Ексетер. Третата жалителка г-ѓа Ladele, е родена во 1960 и живее во Лондон. Четвртиот жалител, г-н McFarlane, е роден во 1961 и живее во Бристол.
8. Фактите на случајот, како што беа презентирани од странките, може да се резимираат на следниот начин.
A. Г-ѓа Eweida
9. Првата жалителка, која ги поминала првите петнаесет години од својот живот во Египет, е коптска христијанка. Од 1999 година таа работела како дел од персоналот за пријавување на патници [check-in staff] na Бритиш ервејз [British Airways Plc], приватна компанија.
10. Бритиш ервејз барала од целиот персонал кој е во контакт со јавноста да носи униформа. Сѐ до 2004 униформата за жени опфаќала блуза која е без изрез на вратот. Во 2004 Бритиш ервејз вовела нова униформа, која содржела блуза со отворен изрeз за жени, која треба да се носи со кравата којашто може да биде во блузата или лабаво врзана околку вратот. Било издадено и упатство за носење на униформата, во кое биле наведени детални правила во однос на секој аспект од уиформата. Во него бил содржан следниот пасус, во делот насловен „Додатоци за жени“:
„Секој додаток или парче облека кој работникот треба да го носи од задожителни верски причини во секое време треба да биде покриен со униформата. Ако тоа е сепак невозможно со оглед на природата на предметот и начинот на кој тој се носи, тгогаш е потребно одобрение од локалното раководство во однос на тоа дали дизајнот одговара за осигурувањето на почитување на стандардите за униформата, освен ако таквото одобрение е веќе содржано во упатството за униформата, ...Нота бене: Ниту еден друг предмет не може да се носи со униформата. Вие ќе бидете должни да отстраните секаков накит кој не е во согласност со горните правила.“
11. Кога работник ќе се појавел на работа носејќи предмет којшто не е во согласност со кодексот на облекување [кодексот за униформи], пракса на Бритиш ервејз била да го замоли работникот да го отстрани предметот за кој станува збор или, ако е потребно, да се врати дома за да ја смени облеката. Времето поминато од работникот во поправање на униформата би било одземено од неговата или нејзината плата. Помеѓу парчињата на облека кои се сметаат од Бритиш ервејз за задолжителни во определена религија и кои не можат да бидат сокриени под униформата, одобрение било дадено на машките работници кои практицират сикизам да носат темно син или бел турбан и да ги покажуваат сик бразлетните во лето ако добиеле одобрение да носат кошула со кратки ракави. На жените муслиманки кои се дел од персоналот кој не работи во авион им било одобрено да носат хиџаб (шамија) во бои одобрени од Бритиш ервејз.
12. До 20 мај 2006 г-ѓа Eweida носела крст на работа сокриен под нејзината облека. На 20 мај 2006 таа одлучила да почне да го носи крстот отворено, како знак на нејзината посветеност кон нејзината вера. Кога пристигнала на работа тој ден нејзиниот раководител ја замолил да го тргне крстот и ланецот или да ги сокрие под краватата. Г-ѓа Eweida најпрво одбила, но на крај се согласила да ги почитува инструкциите откако разговарала за случајот со повисок раководител. На 7 август 2006 г-ѓа Eweida повторно дошла на работа со крстот на видливо место и повторно се согласила да го почитува кодексот на облекување но, неволно, затоа што била предупредена дека ако одбие ќе биде испратена дома без да добие плата за тој ден. На 20 септември 2006 таа одбила да го сокрие или отстрани крстот и била вратена дома без плата сѐ до оној момент кога ќе одлучи да ги почитува нејзините договорни обврски да го следи кодексот на облекување. На 23 октомври 2006 неа ѝ била понудена административна работа, каде не би била должна да носи униформа но, таа ја одбила оваа понуда.
13. Во средината на октомври 2006 година, се појавиле повеќе написи во весници за случајот на г-ѓа Eweida’во кои се критикувала Бритиш ервејз. На 24 ноември 2006 година, Бритиш ервејз најавила преиспитување на својата политика во однос на униформите во врска со носењето на видливи верски симболи. После консултација со припадници на персоналот и претставници на синдикати, било одлучено на 19 јануари 2007 година да се донесе нова политика. Почнувајќи од 1 февруари 2007 година покажувањето на верски и симболи на добротворни организации било дозволено кога има одобренија. Некои симнболи, како што се крст и ѕвездата на Давид, добиле непосредно одобрение. Г-ѓа Eweida се вратила на работа на 3 февруари 2007 година со дозвола да го носи крстот во согласност со новата политика. Сепак, Бритиш ервејз одбила да ѝ надомести за загубената заработувачка во текот на периодот во кој таа избрала да не доаѓа на работа.
14. Г-ѓа Eweida поднесла тужба до Трибуналот за работни односи на 15 декември 2006 година, барајќи, меѓу другото, надомест за штета за индиректна дискриминација спротивно на правило 3 од Правилата за еднаквост во работата (религија и уверување) од 2003 година („Правилата од 2003’ – види параграф 41 подолу) и жалејќи се на повреда на нејзиното право да ја изрази својата религија спротивно на член 9 од Конвенцијата. Трибуналот за работни односи го одбил барањето на
г-ѓа Eweidа. Тој заклучил дека видливото носење на крст не било задолжителна обврска на христијанската вера, туку личен избор на г-ѓа Eweidа. Немало докази дека било кој друг работник, кој бил дел од работната сила која носи униформа, и во која има околу 30,000 работници, поднесол таков предлог или барање, а уште помалку да одбил да работи ако тоа не се прифати. Следувало дека жалителката не докажала дека политиката за униформите ги ставила христијаните генерално во понеповолна положба, што било неопходно за да се потврди навод за индиректна дискриминација.
15. Г -ѓа Eweidа се жалела до Апелациониот трибунал за работни односи кој ја одбил жалбата на 20 ноември 2008 година. Апелациониот трибунал за работни односи одлучил дека не било потребно г -ѓа Eweidа да покаже дека други христијани се жалеле на политиката за униформи, затоа што едно лице можело да биде во определена неповолна положба во смисла на правило 3(1) oд Правилата од 2003, дури и ако тој или таа ги почитувал/а, неволно, ограничувањата на видливи верски симболи. Сепак, Апелациониот трибунал за работни односи заклучил дека концептот на индиректна дискриминација подразбирал дискриминација на дефинирана група и дека жалителката не доставила докази за таква групна неповолност.
16. Г -ѓа Eweidа се жалела до Апелациониот суд кој ја одбил жалбата на 12 февруари 2010. година Таа тврдела дека Трибуналот за работни односи и Апелациониот трибунал за работни односи погрешно го примениле правото и дека сѐ што требало за да се докаже индиректна дискриминација биле докази за неповолна положба на еден поединец. Апелациониот суд го одбил овој аргумент, за кој сметал дека не е поддржан со процесот на подготвување на Правилата од 2003. Тој се согласил со пристапот на Апелациониот трибунал за работни односи, кога одлучил дека:
„... за да биде докажана инидректна дискриминација мора да биде возможно да се дадат некои општи изјави кои би биле точни за една верска група така што работодавачот разумно би мижел да процени дека било која конкретна одредба може да има негативно влијание врз групата.“
Понатаму, дури и ако правниот аргумент на г -ѓа Eweidа бил точен, и ако индиректна дискриминација би можела да биде изедначена со неповолна положба на еден поединец, која настанува од нејзината желба да ја изразува својата религија на определен начин, заклучоците на Трибуналот за работни односи во однос на фактите покажувале дека правилото било пропорционално средсвто за постигнување на легитимна цел. Во текот на околу седум години, никој, вклучувајќи ја г -ѓа Eweidа, не се жалел на правилото и штом прашањето било поставено на него било совесно одговорено. Во меѓувреме, Бритиш ервејз понудиле да ја преместат жалителката без да ја загуби платата, на работно место кое не опфаќа контакт со јавноста, но, жалителката избрала да ја одбие оваа понуда и наместо тоа, да не оди на работа и да бара надомест за изгубена заработувачка. Покрај тоа, Апелациониот суд не сметал дека судската пракса на овој Суд согласно член 9 од Конвенцијата би ѝ помогнала на г -ѓа Eweidа. Тој се повикал на пресудата на Домот на лордови во R (SB) v Governors of Denbigh High School [2006] UKHL 15, во која лордот Bingham ја анализирал судската пракса на Судот и Комисијата и заклучил:
„Институциите во Стразбур не биле воопшто подготвени да најдат мешање во правото да се изразува верско „уверување“ во пракса или преку обреди, кога едно лице доброволно прифатило вработување или улога во која нема прилагодување на таа практика или обред и има други средства кои му стојат на располагање на лицето за да ја практикува или да ги врши обредите на неговата или нејзината религија, без нессодветни тешкотии или неповолности.“
17. На 26 мај 2010 година Врховниот суд го одбил барањето на г -ѓа Eweidа да ѝ дозволи да поднесе жалба.
Б. Г-ѓа Chaplin
18. Втората жалителка е исто така христијанка. Таа носи крст на ланец на видлив начин околу нејзиниот врат од моментот на нејзината кризма [confirmation, воведување во редот на полноправни верници способни за причест] во 1971, како израз на нејзината верба. Таа верува дека да го отстрани крстот би било прекршување на нејзината вера.
19. Г-ѓа Chaplin се квалификувала за медицинска сестра и била вработена од страна на Ројал Девон и Фондот на Ексетер НХС фондацијата, државна болница од 1 април 1989 година до јули 2010 година, со исклучителни резултати во работењето. Во времето на настаните за кои станува збор таа работела во геријатриско одделение. Болницата имала политика за униформи, заснована на упатства од Министерството за здравство. Политиката на болницата за униформи предвидувала во став 5.1.5 дека „Ако се носи накит, тој мора да биде дискретен“ и во став 5.3.6:
„5.3.6 За да се минимизира ризикот од инфекција накитот [sic] ќе биде сведен на минимум. (член 5.1.11). Tоа значи
Еден обичен мазен прстен кој нема да ја попречува хигиената на рацете;
Еден пар на обични дискретни обетки,
Нема да се носат ланци на врат за да се намали риизкот од повреда при работа со пациенти,
Секаков пирсинг на лицето ако го има, треба да биде отстранет или покриен“
Став 5.1.11 предвидувал:
„Секој член на персоналот кој сака да носи посебни видови на облека или накит од верски или културни причини мора да го истакне тоа на неговиот непосреден раководител кој нема неосновано да не даде одобрение.“
Имало докази пред Трибуналот за работни односи, дека од здравствени и безбедносни причини, било побарано од друга медицинска сестра христијанка да го отстрани крстот и ланецот и дека две медицински сестри од религијата сикизам [Sikh] биле информирани дека не можеле да носат бразлетна или кирпан [вид меч, еден од симболите на сикизмот] и дека тие ги почитувале овие инструкции. Две лекарки муслиманки добиле дозвола да носат „спортски“ хиџаб, кој наликува на балаклава.
20. Во јуни 2007 година биле воведени нови униформи во болницата, во кои за прв пат била содржана туника со V-изрез за медицинските сестри. Г-ѓа Chaplin инсистирала дека крстот бил верски симбол и побарала одобрение да го носи. Тоа било одбиено, од причина што ланецот и крстот можеле да повредат постар пациент ако тој го повлечел. Г-ѓа Chaplin потоа предложила да го носи крстот на ланец прицврстен со магнети, кои веднаш би се распаднале ако пациентот ги повлечел. Сепак, надлежниот орган го одбил тоа од причина што самиот крст сѐ уште би создавал ризик за здравјето и безбедноста ако може да се ниша непречено, на пример, би можел да дојде во контакст со отворени рани. На крај, било сугерирано дека таа можела да го прицврсти крстот и ланецот на врвката на која го носела својот беџ за идентификација. Сите вработени биле должни да носат беџ за идентификација прицврстен на џеб или на врвка околу вратот. Сепак, тие исто така биле должни да го отстранат беџот и врвката кога вршеле клинички должности, и од таа причина, жалителката ја одбила и оваа сугестија. Во ноември 2009 година, г-ѓа Chaplin била преместена на привремена позиција на која не работела клинички работи и која престанала да постои во јули 2010 година.
21. Таа поднесла тужба до Трибуналот за работни односи во ноември 2009 година,жалејќи се и на директна и на индиректна дискриминација по верска основа. Во неговата пресуда од 21 мај 2010 година Трибуналот за работни односи одлучил дека немало директна дискриминација затоа што позицијата на болницата била заснована на здравствени и безбедносни причини, а не на верски. Што се однесува на жалбениот навод за индиректна дискриминација, одлучил дека немало докази дека други „лица“ освен жалителката, биле ставени во посебна неповолна положба. Понатаму, одговорот на болницата на предлогот на г-ѓа Chaplin да го носи распетието на видлив начин бил пропорционален.
22. Жалителката било исто така поучена, со оглед на пресудата на Апелациониот суд во случајот на г-ѓа Eweida, дека ревизија до Апелациониот трибунал за работни односи не би имала изгледи за успех.
В. Г-ѓа Ladele
23. Третата жалителка е христијанка. Таа има став дека бракот е заедница на еден маж и една жена и искрено верува дека граќанските партнерства меѓу лица од исти пол се спротивни на законот на Бога.
24. Г-ѓа Ladele била вработена во регионот на Лондон - Ислингтон, локален јавен орган, од 1995, Ислингтон имал политика за еднаквост и различност наречена „Достоинство за сите“, во која се вели, меѓу другото:
„Ислингтон е горд на својата различност и советот ќе се бори со дискриминација во сите нејзини облици. „Достоинство за сите“ треба да биде искуство за сите вработени на Ислингтон, жители и корисници на услуги, без оглед на возраста, полот, инвалидитет, вера, раса, сексуалност, државјанство, богатство или здравствена состојба. ...
Советот ќе промовира кохезија на заедницата и еднаквост за сите групи, но посебно ќе се бори со дискриминација заснована на возраст, инвалидитет, пол, раса, религија и сексуална ориентација. ...
Генерално, Ислингтон ќе:
(a) Промовира кохезија на заедницата преку промоција на заеднички вредности на заедницата и разбирање кои се засноваат на еднаквост, почит и достоинство за сите. ...
Политика на советот е дека секој ќе биде третиран правично и без дискриминација. Ислингтон ќе осигура дека:Вработените се соочуваат со правичност и еднаквост во постапувањето на работното местоКлиентите добиваат правичен и еднаков пристап до услугите и советотВработените и клиентите се третираат со достоинство и почит
Советот активно ќе отстранува дискриминаторски пречки кои можат да спречат лица да добијат можности за вработување и услуги кои имаат право да ги добиваат. Советот нема да толерира процеси, ставови и однесување кои претставуваат дискриминација, вклучувајќи вознемирување, виктимизација и мобинг со предрасуди, незнаење, безобзирност и стереотипи. ...
Од сите вработени се очекува да ги промовираат овие вредности во секој момент и да работат во рамките на оваа политика. Работниците за кои ќе се утврди дека ја прекршуваат оваа политика може да се соочат со дисциплински мерки.“
25. Во 2002 година г-ѓа Ladele станала матичар за родени, умрени и венчани лица. Иако таа добивала плата од локалнниот орган и имала должност да ги почитува неговите политики, таа не била вработена од тој орган, туку таа вршела функција под надлежност на Генералната служба за матична евиденција. Законот за граѓанско партнерство од 2004 година влегол во сила во Обединетото Кралство на 5 декември 2004 година. Во законот се предвидувла законска регистрација на граѓански партнерства помеѓу две лица од ист пол и ним им давал права и обврски кои се еквивалентни на правата и обврските на брачен пар. Во декември 2005 година Ислингтон одлучил да ги назначи сите постоечки матичари за родени, умрени и за венчани и како матичари за граѓански партнерства. Регионот не бил должен да го стори тоа, со законот само се барало да се осигура дека имало доволен број на матичари за граѓански партнерства за да ја вршат таа функција. Некои други локални органи во Обединетото Кралство имале поинаков пристап, и дозволиле матичарите кои искрено имале верски приговори кон склучување на граѓанско партнерство, да не прифатат назначување како матичари за граѓанско партнерство.
26. На почетокот, на г-ѓа Ladele ѝ било дозволено неформално да се договара со колегите и да заменуваат работни задачи така што таа да не мора да води церемонии за граѓанско партнерство. Во март 2006 година, сепак, двајца колеги се жалеле деак одбивањето да се вршат такви должности било дискриминаторно. Во допис од 1 април 2006 година г-ѓа Ladele била известена дека според локалниот орган, одбивањето да склучува граѓанско партнерство значело дека таа го крши Кодексот на однесуање и политиката на еднаквост. Од неа било побарано да потврди писмено дека таа отогаш па натаму ќе води церемонии за граѓанско партнерство. Третата жалителка одбила да се согласи и побарала од локалниот орган да преземе мерки за да има прилагодување на нејзините потреби. До мај 2007 година атмосферата во канцеларијата била влошена. Одбивањето на г-ѓа Ladele да склучува граѓанско партнерство предизвикувало многу тешкотии и ставало товар врз други и имало жалби од колеги хомосексуалци. Во мај 2007 година локалниот орган отворил прелиминарна истрага, која завршила во јули 2007 година со препорака дека ќе биде поднесена формална дисциплинска жалба против г-ѓа Ladele затоа што со одбивањето да склучува граѓанско партнерство поради сексуалната ориентација на страните, таа не го почитувала Кодексот на однесување на локалниот орган и неговата политика на еднаквост и различност. Дисциплинска расправа се одржала на 16 август 2007 година . После расправата, било побарано од г-ѓа Ladele да потпише нов опис на должности со кој таа се задолжува да врши директно потпишување во матичната книга за граѓанско партнерство и административна работа во врска со граѓанско партнерство, но без обврска да води соодветни церемонии.
27. Г-ѓа Ladele поднела жалба до Трибуналот за работни односи жалејќи се на директна и индиректна дискриминација по основа на религија или уверување и на вознемирување. На 1 декември 2007 година влегол во сила Законот за статистички податоци и регистрација од 2007 година и, наместо да остане носител на фунцкија вработен од Генералната служба за матична евиденција, г-ѓа Ladele станала работник на локалниот орган, кој сега имал овластување да ја отпушти. Било истакнато пред Трибуналот за работни односи дека ако жалителката загубела во постапката, веројатно било дека таа ќе биде отпуштена.
28. На 3 јули 2008 година, Трибуналот ги усвоил жалбените наводи за директна и индиректна верска дискриминација и вознемирување, одлучувајќи дека локалниот орган „дал поголема вредност на правата на заедницата на лезбијки, геј мажи, бисексуалци и трансексуалци, отколку на правата на [г-ѓа Ladele] како лице со православно христијанско уверување“. Локалниот орган се жалел до Апелациониот трибунал за работни односи, кој на 19 декември 2008 година ја преиначил одлуката на Трибуналот за работни односи. Тој одлучил дека постапувањето на локалниот орган со г-ѓа Ladele било пропорционално средство за постигнување на легитимна цел, имено да се обезбедат услугите на матичната служба на недискриминаторска основа.
29. Одлуката на Апелациониот трибунал за работни односи била обжалена до Апелациониот суд, кој на 15 декември 2008 година ги потврдил заклучоците на Апелациониот трибунал за работни односи. Судот кажал во параграф 52:
„...фактот што одбивањето на г-ѓа Ladele да склучува граѓанско партнерство е засновано на нејзиниот верски став во однос на бракот не може да го оправда заклучокот дека не треба да му се дозволи на Ислингтон да ја имплементира својата цел во целост, имено дека сите матичари треба да склучуваат граѓански партнерства како дел од политиката Достоинство за сите. Г-ѓа Ladele била вработена на државна работа и работела за јавен орган, од неа се барало да врши чисто секуларна задача, која се земала како дел од нејзината работа. Одбивањето на г-ѓа Ladele да ја извршува таа задача подразбирало дискриминирање на геј лицата во текот на нејзината работа, таа била замолена да ја врши задачата заради политиката на Ислинготн Достоинство за сите, чијашто цел која е за почит, била да се избегне, или барам да се минимизира, дискриминација помеѓу работниците на Ислингтон и помеѓу Ислингтон (и неговите работници) и лицата од заедницата на која ѝ служеле: одбивањето на
г-ѓа Ladele’ги повредило најмалку двајца од нејзините колеги хомосексуалци, приговорот на г-ѓа Ladele е заснован на нејзиниот поглед кон бракот,, кој не е суштински дел од нејзината религија, и обврската на Ислингтон на никој начин на је попречувал да ја практикува својата религија на кој начин сака.“
Апелациониот суд заклучил дека член 9 од Конвенцијата и судската пракса на Судот го поддржувале ставот дека желбата на г-ѓа Ladele да бидат почитувани нејзините верски погледи не треба да биде дозволено да „биде позначајна од ставот на Ислингтон да осигура дека сите матичари покажуваат еднаква почит кон хомосексуалната заедница, како и за хетеросексуалната заедница.“. Тој понатаму воочил дека од моментот во кој Правилата од 2007 (види параграф 42 подолу) влегле во сила, г-ѓа Ladele била назначена како матичар за граѓански партнерства. Ислингтон не бии само овластен, туку обврзан да ѝ наложи да води церемонии за склучување граѓанско партнерство.
30. Барањето на жалителката да ѝ се дозволи да поднесе жалба до Врховниот суд било одбиено на 4 март 2010 година.
Г. Г-н McFarlane
31. Четвртиот жалител е христијанин, и претходно бил старешина на голема мултикултурна црква во Бристол. Тој има длабоко и вистинско уверување дека Библијата вели дека хомосексуалната активност е грев и дека тој не треба да прави ништо со што се поддржува таквата активност.
32. Relate Avon Limited („Рилејт“) е дел од Рилејт фондацијата, национална приватна организација која обезбедува доверлива сексуална терапија и услуги на советвуање за лични врски. Рилејт и нејзините терапевти се членови на Британската асоцијација за сексуална и терапија за лични врски (БАСТС). Таа асоцијација има Етички кодекс и Принципи за добри практики, кои Рилејт и неговите терапевти ги почитуваат. Став 18 и 19 од Кодексот го предвидуваат следното:
„Признавање на правото на самоопределување, на пример
18. Почитување на автономијата и правото на самоопределување на клиентите и други со кои клиентите може да се во контакт. Не е содветно терапевтот да наметнува конкретен збир на стандарди, вредности или идеали врз клиентите. Терапевтот мора да ја признае и да работи на начини со кои се почитува вредноста и достоинството на клиентите (и колегите) со должно земање предвид на прашања како што се религија, раса, пол, возраст, уверувања, сексуална ориентација и инвалидитет.
Свесност за сопствените предрасуди, на пример
19. Tерапевтот мора да биде свесен/свесна за неговите или нејзините предрасуди и да избегне дискриминација, на пример, по основ на религија, раса, пол, возраст, уверувања, сексуална ориентација и инвалидитет. Терапевтот има одговорност да биде свесен/свесна за неговите или нејзините проблеми во врска со предрасуди и стереотипи и посебно, да размисли за начини на кои тоа може да влијае врз неговиот терапевтски однос.“
Рилејт исто така има Политика за еднакви можности во која се нагласува позитивна докжност за постигнување на еднаквост. Дел од таа политика гласи:
„Рилејт Авон е посветена на тоа да осигура дека ниту едно лице – повереник на фондот, вработени лица, волотери, терапевти и клиенти, не се соочи со понеповолно постапување врз основа на лични или групни карактеристики, како што се раса, боја на кожа, возраст, култура, болест, сексуална ориентација, брачен статус, инвалидитет [или] припадност на социо-економска група. Рилејт Авон не е само посветен на словото на законот, туку исто така и на позитивна политика со која ќе се оствари целта на постигнување еднаквост на можностите за сите оние кои работат во Центарот (во кое било својство) и на сите наши клиенти.“
33. Г-н McFarlane работел за Рилејт како терапевт од мај 2003 година до март 2008 година. Тој најпрво имал определени забелешки за давање терапевтски услуги на двојки од ист пол, но, после дискусии со неговата надредена, тој прифатил дека давањето на терапевтски услуги на хомосексуална двојка како такво не подразбирало поддршка за таков вид на врска и затоа тој бил подготвен да продолжи. Тој потоа давал терапевтски услуги на две лезбијски двојки без никаков проблем, иако во ниту еден од тие случаи не дошло до прашања од чисто сексуална природа.
34. Во 2007 година г-н McFarlane започнал со постипломските студии на Рилејт по психолошка-сексуална терапија. До есента истата година постоело мислење во рамките на Рилејт дека тој не сакал да работи со сексуални проблеми на хомосексуални двојки. Во одговор на тие забелешки, генералниот директор на Рилејт, г-н B, се состанал со
г-н McFarlane во октомври 2007 година. Жалителот потврдил дека имал потешкотии во помирувањето на неговата работа со сексуалните практики на двојки од ист пол и неговата должност да ги следи учењата на Библијата. Г-н B изразил загриженост дека нема да биде возможно да се избираат клиенти, со цел да се избегне г-н McFarlane да мора да дава психолошко-сексуална терапија на лезбијски, геј или бисексуални двојки.
35. На 5 декември 2007 година г-н B добил допис од останатите терапевти во кој тие искажуваат загриженост дека неименуван терапевт не сакал од верски причини да работи со геј, лезбијки и бисексуални клиенти. На 12 декември 2007 година г-н B испратил допис до г-н McFarlane во кој кажувал дека тој дознал дека тој [жалителот] одбил да работи со двојки од ист пол по определени прашања, и дека тој се плашел дека тоа е дискриминаторска постапка и спротивна на Политиките на Рилејт за еднакви можности. Тој побарал писмена потврда до 19 декември 2007 дека г-н McFarlane ќе продоложи да советува двојки од ист пол за врски и да им дава психолошко-сексуална терапија, во спротивно на што можело да бидат преземени дисциплински мерки. На 2 јануари 2008 година г-н McFarlane одговорил потврдувајќи дека тој немал проблеми со советувањето на двојки од ист пол. Неговите ставови во однос на давање психолошко-сексуална терапија на двојки од ист пол сѐ уште се развивале, затоа што сѐ уште не бил повикан да врши таков вид на работа. Г-н B го протолкувал тоа како одбивање од страна на г-н McFarlane да потврди дека тој ќе продолжи со давање психолошко-сексуална терапија на двојки од ист пол и затоа го суспендирал, до завршувањето на дисциплинската истрага. На состанок во врска со истрагата од 7 јануари 2008 година жалителот потврдил дека имало судир помеѓу неговите верски уверувања и психолошко-сексуална терапија на двојки од ист пол, но рекол дека ако тој биде замолен да врши таква работа, дека тој тоа би го сторил и ако настанеле било какви проблеми тој би разговарал со неговата надредена. Г-н B од тоа сфатил дека г-н McFarlane се обврзал да ги почитува политиките на Рилејт и затоа ја сопрел дисциплинската истрага.
36. После телефонски разговор со четвртиот жалител, неговата надредена го контактирала г-н B за да ја искаже својата длабока загриженост. Таа сметала дека г-н McFarlane или бил збунет околу прашањето за сексуална терапијаа на двојки од ист пол или бил неискрен. Кога тие забелешки му биле кажани, г-н McFarlane изјавил дека неговите погледи не биле променети од моментот на првите дискусии на таа тема и дека секој проблем ќе бил решаван тогаш кога ќе настанел. Тој бил повикан на уште еден дисциплински состанок на 17 март 2008 година на кој бил прашан дали се премислил, но тој само кажал дека немал ништо друго да додаде на тоа што веќе го кажал на 7 јануари 2008 година.
37. На 18 март 2008 година г-н B го отпуштил г-н McFarlane во скратена постапка поради тешки повреди на работната дисциплина, откако заклучил дека жалителот рекол дека ќе ги почитува политиките на Рилејт и дека ќе дава терапија на двојки од ист пол без да има намера тоа да го прави. Затоа нему не можело да му се верува дека ќе ја врши својата улога во согласност ос Политиките за еднакви можности. По неговата жалба бил одржан состанок на 28 април. Жалбата била одбиена затоа што немањето на доверба од страна на
г-н B дека г-н McFarlane ќе ги почитува релевантните политики било оправдано.
38. Г-н McFarlane изјавил тужба до Трибуналот за работни односи во која тврдел, меѓу другото, дека имало директна и индиректна дискриминација, неправично отпуштање и неправилно отпуштање. Трибуналот ја објавил својата пресуда на 5 јануари 2009 година. Тој утврдил дека г-н McFarlane не бил жртва на директна дискриминација спротивно на правило 3, став 1 (а) од Правилата од 2003 (види параграф 41 подолу). Тој не бил отпуштен поради неговата вера, туку затоа што се верувало дека тој нема да ги почитува политиките кои го одразувале етосот на Рилејт. Во однос на неговиот навод за индиректна дискриминација согласно правило 3, став 1 (б), Трибуналот одлучил дека барањето на Рилејт дека сите нивни терапевти мора да ја почитуваат Политиката за еднакви можности би ставил лице кое има исти верски убедувања како г-н McFarlane во понеповолна полошба. Сепак, целта на барањето била давање на целиот обем на терапевтски услуги на сите сегменти на заедницата, без оглед на сексуалната ориентација, што било легитимно. Посветеноста на Рилејт кон давање на услуги без дискриминација била фундаментална за нивната работа и затоа Рилејт биле овластени да бараат недвосмислено уверување од г-н McFarlane дека тој ќе го дава целиот обем на терапевтски услуги на сите видови на клиенти без исклучок. Тој не дал такво уверување. Избирањето на клиенти, иако би можело да функционира во ограничен обем, не би ги заштитило клиентите од можно одбивање од страна на г-н McFarlane, без разлика како тој всушност ќе се справи со прашањето. Следувало дека неговото отпуштање било пропорционално средство за постигнување на легитимна цел. Тужбата за дискриминација затоа не била основана. На крај, Трибуналот го отфрил наводот за неправично отпуштање заклучувајќи дека Рилејт навистина и со причина изгубиле доверба во г-н McFarlane во таа смисла да не можеле да бидат сигурни дека ако му бидат поставени сексуални проблеми на двојка од ист пол во текот на советувањето, тој би го дал без никакво ограничување или заддршка советувањето кое ѝ било потребно на двојката заради ограничувањата кои му биле наметнати поради неговите автентични верски уверувања.
39. Г-н McFarlane се жалел до Апелациониот трибунал за работни односи против заклучоците на првостепениот трибунал во однос на директна и индиректна дискриминација како и неправично отпуштање. На 30 ноември 2009 година Апелациониот трибунал за работни односи одлучил дека првосптениот трибунал правилно ги одбил наводите. Тој го одбил аргументот на г-н McFarlane дека не било легитимно да се прави разлика помеѓу верско уверување и приговарање на конкретен акт со кој се манифестира тоа уверување и дека таквиот пристап не бил спојлив со член 9 од Конвенцијата. Апелациониот трибунал за работни односи ги воочил аргументите на Рилејт дека компромисот понуден од г-н McFarlane би бил неприфатлив во принцип затоа што бил „во целост спротивно на етосот на организацијата да се прифати ситуација во која терапевт би можел да одбие да работи со определени клиенти затоа што не го одобрувал нивното однесување“, и дека не било изводливо да функционира систем во кој терапевт би можел да се повлече од советување на двојки од ист пол ако дојдело до околности во кои тој верувал дека тој би ја одобрувал нивната сексуална активност. Рилејт имале право да одбијат да прилагодат погледи кои биле спротивни на нивните декларирани фундаментални принципи. Во тие околности, аргументите во врска со изводливоста на прилагодувањето кон погледите на жалителот биле несоодветни.
40. Г-н McFarlane побарал одобрение од Апелациониот суд да поднесе жалба против одлуката на Апелациониот трибунал за работни односи. На 20 јануари 2010 година Апелациониот суд го одбил барањето од причина што немало реални изгледи жалбата да успее со оглед на пресудата на Апелациониот суд од декември 2009 година во случајот Ladele. После одбивањето на Врховниот суд да дозволи поднесување на жалба во Ladele, г-н McFarlane уште еднаш побарал дозвола за жалба. После одржана расправа, барањето било уште еднаш одбиено на 29 април 2010 година од причина што овој случај не можел да се разликува од Ladele.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
41. Правило 3 oд Правилата за еднаквост (религија и уверување) од 2003 предвидува:
„3. Дискриминација врз основа на религија или уверувања
(1) Во смисла на овие Правила, едно лице („А“) дискриминира друго лице („Б“) ако -
....
(б) A применува за Б одредба, критериум или практика која тој ја применува или би ја применил подеднакво на лица кои немаат иста религија или уверување како Б, но -
(i) со тоа се ставаат или би се ставиле лицата од иста религија или уверување како Б во особено неповолна положба во споредба со други лица,
(ii) со тоа се става Б во таква неповолна положба, и
(iii) А не може да докаже дека тие претставуваат пропорциоаално средство за остварување на легитимна цел.
....
(3) Во смисла на овие Правила, едно лице („А“) дискриминира друго лице („Б“), ако A применува на Б применува одредба, критериум или практика –
(a) која тоа ја применува или би ја применило подеднакво на лица кои немаат иста сексуална ориентација како Б,
(б) со која ги става лицата кои имаат сексуална ориентација како Б во неповолна положба во споредба со сите останати (кога нема суштинска разлика во однос на релевантните околности),
(в) со која Б се става во неповолна положба во споредба со некои или сите лица кои немаа иста сексуална ориентација како Б (кога нема суштинска разлика во однос на релевантните околности), и
(г) кои А не може разумно да ги оправда повикувајќи се на други прашања, а не на сексуалнта ориентација на Б.“
Во врска со давањето на добра, услуги и придобивки, правилото 4 предвидува:
„(1) Незаконито е лице („А“) кое се занимава со давање добра, услуги или придобивки на јавноста или сегмент од јавноста да дискриминира лице („Б“) кое сака да ги добие или да ги употреби тие добра, придобивки или услуги -
(a) одбиајќи да му даде на Б добра, придобивки или услуги,
(б) одбиајќи да му даде на Б добра, придобивки или услуги од ист или сличен квалитет со квалитетот на добрата, придобивките или услугите кои А вообичаено ги дава на -
(i) на јавноста, или
(ii) на дел од јавноста на кој Б припаѓа,
(в) одбиајќи да му даде на Б добра, придобивки или услуги на начин кој е ист или сличен со начинот на кој А вообичаено дава добра, придобивки или услуги на -
(i) на јавноста, или
(ii) на дел од јавноста на кој Б припаѓа , или
(г) одбивајќи да му даде на Б добра, придобивки или услуги под услови кои се исти или слични на условите под кои А вообичаено дава добра, придобивки или услуги на -
(i) на јавноста, или
(ii) на дел од јавноста на кој Б припаѓа..
(2) Став (1) се применува, особено во однос на -
(a) пристап до и употреба на место на кое на јавноста ѝ е дозволен влез,
(б) сместување во хотел, преноќевалиште или сличен објект,
....“
Правило 8(1) предвидува дека е незаконито јавен орган кој врши [јавна] функција да изврши било какво дејствие кое претставува дискриминација. Правило 30 предвидува дека сѐ што е преземено од страна на лице во текот на неговото вработување ќе се смета како да е направено од неговиот работадавач како и од самото лице.
43. Рамковната директива за еднакво постапување во вработувањето и занимањето 2007/78/EC е основа на двете групи на правила. При регулирањето на концептот на дискриминација, во член 2, став 2 (б) предвидува дека:
„... ќе се смета дека дошло до индиректна дискриминација, кога навидум неутрална одредба, критериум или практика би ставила лица со определена религија или уверување, определен инвалидитет, кои се на определена возраст или се со определена сексуална ориентација во посебна неповолна положба во споредба со други лица освен ако:
(i) таа одредба, критериум или практика се објективно оправдани со легитимна цел и ако средствата за постигнување на таа цел се соодветни и неопходни, или
(ii) што се однесува на лица со определен инвалидитет, работодавачот или секое друго лице или организација на кои се однесува оваа Директива, е обврзано, согласно домашното законодавство, да презене соодветни мерки во согласност со принципите содржани во член 5 со цел да се елиминира неповолна положба која произлегува од таква одредба, критериум или практика.“
44. Во Обединетото Кралство, домашните судови ги разгледале прашањата поставени со овие жалби во определена мера. Посебно, Домот на лордови имал прилика во два водечки случаи да се занимава со прашања поврзани и со изразувањето на верско уверување и со околностите во кои било утврдено мешање во [правото од] член 9.
45. Во R (Williamson and Others) v. Secretary of State for Education and Employment [2005] UKHL 15 тужителите се жалеле дека забраната на Обединетото Кралство за телесно казнување на децата во соодветни околности, го повредувала нивното право на слобода на изразување на нивното верско уверување согласно член 9 од Конвенцијата.
Во параграф 23, при анализата што тоа претставува „изразување“ на уверување, лордот Nicholls oд Birkenhead, со кого лордовите Bingham, Brown и Walker и Дамата Hale се согласиле, се наведуваат определени основни принципи:
„... уверувањето мора да исполни определени скромни, објективни минимални услови. Овие минимални услови се имплицитни на член 9 од Европската конвенција и на сличните гаранции во други инструменти за човекови права. Уверувањето мора да биде во согласност со основните стандарди на човековото достоинство или интегритет. Изразувањето на верско уверување, на пример, кое подразбира подложување на други на тортура или нечовечко казнување не би можело да ги исполни условите за да биде заштитено. Уверувањето мора да се однесува на прашања кои се повеќе од само тривијални. Тоа мора да има адкеватен степен на сериозност и важност. Како што беше кажано, тоа мора да е уверување во врска со фундаментален проблем. Во случајот на верските уверувања овој услов е исполнет без потешкотии. Уверувањето мора исто така да е кохерентно во смисла на тоа да биде сфатливо. Но, сепак, не треба премногу да се бара во овој поглед. Вообичаено, религијата содржи уверување во надприродното, Тоа не секогаш може да биде луцидно прикажано, или, уште помалку, рационално оправдано. Јазикот кој се користи е јазик на алегорија, симболи и метафора. Во зависност од темата, не може секогаш да се очекува од поединците да се изразуваат убедливо и прецизно. Уверувањата на поединецот не се ниту фиксни ни статични. Уверувањата на секој поединец се подложни на промени во текот на неговиот живот. Сѐ на сѐ, овие минимални услови не треба да бидат поставени на ниво на кое силни уверувања би останале без заштитата која треба да ја имаат согласно Конвенцијата....“
Потоа, во параграф 32, лордот коментирал:
„... при одлучувањето дали...некоја постапка претставува изразување на уверување во пракса во смисла на член 9 човек мора прво да ја утврди природата и опсегот на уверувањето, ако...уверувањето е во облик на воочена обврска да се постапи на определен начин, тогаш, во принцип, правењето на таа постапка е само по себе изразување на тоа уверување во праксата. Во такви случаи постапката е „на крајот поврзана“ со тоа уверување, согласно терминологијата на [Судот во] Стразбур....“
46. Случајот R (Begum) v. Headteacher and Governors of Denbigh High School [2006] UKHL 15 се однесувал на навод дека исклучувањето на тужителката од училиште, поради постојаното повредување на кодексот за униформи, неоправдано го ограничувало меѓу другото, нејзиното право согласно член 9 од Конвенцијата да ја изразува својата религија и уверувања. Лордот Bingham, анализирајќи го прашањето дали имало мешање во правото на тужителката од член 9, во параграфите 23 и 24 кажал:
„23. Институциите во Стразбур не се воопшто подогтвени да утврдат мешање во правото да се изразува верско уверување во пракса или преку обреди кога едно лице доброволно прифатило вработување или функција која не може да се прилагоди со таа практика или обред и има други средства кои му се достапни на лицето за да ја практикува или исполнува ритуалите на религијата без прекумерни потешкотии или неповолности. Така, во X v Denmark (1976) 5 DR 157 се сметало дека еден свештеник ја прифатил дисциплината на црквата кога започнал да работи и неговото право да ја напушти црквата ја гарантирало неговата слобода на религија. Неговиот жалбен навод по член 9 не бил усвоен.... ... Karaduman v Turkey (1993) 74 DR 93 е силен случај. На жалителката не ѝ било дадено уверение за дипломирање затоа што била потребна фотографија на која таа не носи шамија, а таа не сакала од верски причини да биде фотографирана без шамија. Комисијата одлучила (стр. 109) дека немало мешање во нејзиното право од член 9 затоа што (стр.108) „одбирајќи да се стекне со високо обрзаование на секуларен универзитет студентот ги прифаќа тие универзитетски правила, кои може да ја направат слободата на студентите да ја изразуваат нивната религија подложна на ограничувања во однос на местото и начинот, правила кои се предвидени за да осигураат хармонично заедничко постоење на студенти од различни уверувања“. Одбивајќи го наводот на жалителот во Konttinen v Finland (1996) 87-A DR 68 Комисијата посочила, во параграф 1, страница 75, дека нему не му бил вршен притисок да ги промени неговите верски погледи ниту пак бил попречен да ја изразува неговата религија или уверување, откако увидел дека неговото работно време не одговарало на неговие верски уверувања, тој бил слободен да го напушти своето работно место.... Во Stedman v United Kingdom (1997) 23 EHRR CD 168 клучно за неуспехот на жалбениот навод на жалителката по член 9 било тоа што таа можела да даде отказ наместо да работи во недели. Жалителот во Kalaç [v Turkey (1997) 27 EHRR 552], параграфи 28-29, не успеал со неговата жалба, затоа што, одбирајќи воена кариера, тој се согласил по своја волја на систем на воена дисциплина, кој по својата природа ја подразбирал можноста за посебни ограничувања на определени права и слободи, а тој можел да ги исполнува обичните обврски на муслиманската вера. Во Jewish Liturgical Association Cha’are Shalom Ve Tsedek v France (2000) 9 BHRC 27, параграф 81, оспорувањето на жалителите на пропис во врска со ритуално колење на животни во Франција, кој не ги исполнувал нивните прецизни верски стандарди, било неуспешно, затоа што тие лесно можеле да добијат достава на месо заклано според нивните стандарди од Белгија.
24. Оваа линија на пресуди беше критикувана од Апелациониот суд како премногу рестриктивна (Copsey v WWB Devon Clays Ltd 2005 EWCA Civ 932, [2005] 1CR 1789, параграфи 31-39, 44-66), и во [R (Williamson) v Secretary of State for Education and Employment [2005] UKHL 15], параграф 39, советот го анализирал прашањето дали алтернативни средства за прилагодување на изразување на верско уверување морале да бидат, како што било сугерирано во случајот Jewish Liturgical, погоре, параграф 80, невозможни, за да успее навод за мешање по член 9. Но, според мене пресудите ја поддржуваат претпоставката која јас ја изразив во параграф 23 од ова мислење. Дури и ако се прифати дека Стразбуршките институции погрешиле со строгоста во одбивањето на жалбените наводи за мешање, останува кохерентна и особено конзистентна судска пракса која нашите домашни судови мора да ја земат предвид и која покажува дека не е лесно да се докаже дека имало мешање.“
III. РЕЛЕВАНТНО СПОРЕДБЕНО ПРАВО
A. Земји членки на Советот на Европа
47. Aнализата на законите и праксата во врска со носењето на верски симболи на работното место во дваесет и шест држави договорнички на Советот на Европа покажува дека во мнозинството на држави носењето на верска облека и/или верски симболи на работното место не е регулирано. Во три држави, имено Украина, Турција и некои кантони на Швајцарија, носењето на облека од верски карактер и верски симболи за државни службеници и други лица вработени во јавниот сектор е забрането, но во принцип е дозволено за работниците на приватни компании. Во пет држави: Белгија, Данска, Франција, Германија и Холандија – домашните судови изречно го имаат признаено, барем во принцип, правото на работодавачот да наметне определени ограничувања на носењето на верски симболи од страна на работниците, сепак, нема ниту закони ниту прописи во ниту една од овие земји со кои изречно се дозволува работодавачот да постапи на таков начин. Во Франција и Германија, има строга забрана за носење на верски симболи од страна на државни службеници и лица вработени од државата, додека во другите три земји пристапот е пофлексибилен. Општа забрана за носење на облека од верски карактер и/или верски симболи не е дозволена во ниту една земја. Напротив, во Франција тоа е изречно забрането со закон. Според француското законодавство, за да биде прогласено за законито секое такво ограничување мора да остварува легитимна цел, поврзана со санитарни норми, заштита на здравјето и моралот, кредибилитетот на имиџот на компанијата во очите на потрошувачот, како и да помине тест на пропорционалност.
Б. Tрети земји
1. Соединетите Американски Држави
48. За државни службеници и лица вработени од Владата, носењето на верски симболи е заштитено и со Уставот на Соединетите Американски Држави (Клаузула за основање и Клаузула за слободно практикување) [(the Establishment Clause and the Free Exercise Clause)] и со Законот за граѓански права од 1964 година. Кога е поднесена уставна тужба од страна на државен службеник, судовите применуваат умерена оцена, според која Владата може да наметне ограничувања на носењето на верски симболи ако тоа е „доволно поврзано“ со промовирањето на „важен“ интерес на Владата (види Tenafly Eruv Association v. Borough of Tenafly, 309 F.3d 144, 157 (3rd Cir. 2002)). Кога е поднесена законска жалба, на работникот мора да му биде понудено или “разумно прилагодување“ [“reasonable accommodation”] на верската практика или работодавачот да докаже дека дозволувањето на тие верски практики би му предизвикало „прекумерни потешкотии“ (види Ansonia Board of Education v. Philbrook, 479 US 60 (1986); United States v. Board of Education for School District of Philadelphia, 911 F.2d 882, 886 (3rd Cir. 1990); Webb v. City of Philadelphia, 562 F.3d 256 (3rd Cir. 2009)). За приватни работодавачи нема уставни ограничувања на можноста работодавачите да го ограничат носењето на облека од верски карактер и/или верски симболи. Сепак, ограничувањата од Глава VII од Законот за граѓански права се применуваат сѐ додека работодавачот има над 15 работника.
2. Канада
49. Верската слобода е уставно заштитена согласно канадската Повелба за права и слободи од 1982 (Повелбата). Член 1 од Повелбата ѝ дава на државата моќ да ја ограничи слободата на религија во колку што е можно помал степен заради „важни државни интереси“ (види B(R) v. Children’s Aid Society of Metropolitan Toronto (1995) 1 SCR 315). Од канадските работодавачи, генерално, се очекува да ги прилагодат прописите на работното место кои имаат непропорционално влијание врз определени религиозни малцинства. Стандардот кој судовите го применуваат во тој контекст е „разумно прилагодување“ [“reasonable accommodation”] (vidi R v Big M Drug Mart Limited (1985) 1 SCR 295). Поновите постапки по ова прашање беа фокусирани на правата на лицата чија религија е сикизмот да носат турбан или кирпан на работа. Во Bhinder v. Canadian National Railway Co. (1985) 2 SCR 561, Врховниот суд одлучил дека тужителот не можел да носи турбан на работното место затоа што тоа го попречувало да носи шлем. Било утврдено дека тоа претставувало „бона фиде работна обврска“. Канадските судови наместо да се обидуваат да дадат дефиниција за религија или верска практика, се повеќе заинтересирани за искреноста на уверувањето во практика којашто е поврзана со религија (види Syndicat Northcrest v. Amselem (2004) 2 SCR 551). Во Multani v. Commission scolaire Marguerite-Bourgeoys (2006) 1 SCR 256, во кој предмет Врховниот суд на Канада, го повтрдил правото на ученикот следбеник на сикизмот да носи кирпан на училиште, судот не направил теолошка анализа на централното значење на кирпаните во сикизмот. Наместо тоа, судот сметал дека тужителот „требало само да покаже дека неговото лично и субјективно уверување во верската важност на кирпанот било искрено“.
ПРАВО
...
51. Првата и втората жалителка, како и четвртиот жалител се жалеа дека санкциите кои им биле изречени на работото место ги повредувале нивните права од член 9 од Конвенцијата, земен самостојно или во врска со член 14. Третата жалителка се жалеше на повреда на член 14 во врска со член 9.
Член 9 предвидува:
„1. Секој има право на слобода на мисата, совеста и верата. Ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, како и слободата за изразување на својата вера или убедување, сам или заедно со другите, јавно или приватно, преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали.
2. Слободата за изразување на својата вера или на своите убедувања може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат мерки во интерес на јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на други, неопходни во едно демократско општество.“
Член 14 предвидува:
„ Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.“
...
III. ОСНОВАНОСТ
A. Аргументи на странките
1. Владата
58. Во однос на жалбените наводи на првата и втората жалителка, и четвртиот жалител по член 9 земен самостојно, Владата се повика на судската пракса на Судот според која таа одредба не го заштитува секој вид на однесување мотивирано или инспирирано од религија или уверување. Таа тврдеше дека однесувањето кои било мотивирано или инспирирано од религија или уверување, но кое не било акт на практиување на религија во општопризната форма, било надвор од заштитата на член 9. Владата се повика на неоспорените заклучоци на Трибуналот за работни односи во однос на првата и втората жалителка дека секоја од нив сакала да го носи крстот на видливо место како лично изразување на вера. Не било сугерирано дека носењето на крстот на видливо место било општошризната форма на практикување на христијанската вера, а уште помалку се сметало за задолжителна обврска на таа вера. Желбата на првата и втората жалителка да носат крст на видливо место, која можеби и била инспирирана или мотивирана од искрена посветеност на верата, не била призната практика или обврска на христијанството, и затоа не влегувала во опсегот на член 9. Слично на тоа, противењето на г-н McFarlane во однос на давање на психолошко-сексуална терапија на двојки од ист пол не можело да се опише како практикување на религија во општопризната форма.
59. Во спротивно, Владата тврдеше дека дури и ако носењето на крст на видливо место, или одбивањето да се даваат определени услуги на хомосексуални двојки, било изразување на уверување и затоа и право заштитено со член 9, немало мешање во правата на ниту еден од жалителите. Таа се повика на пресудата на Домот на лордови R (Begum) v. Governors of Denbigh High School (види параграф 46 погоре), во која лордот Bingham ја анализирал судската пракса на Судот во Стразбур која се однесува на случаи во кои поединци доброволно прифаќаат вработување кое не овоможува разумно прилагодување на верски практики, но кога ним им се достапни други начини за практиување или вршење обреди на таа религија без прекумерни потешкотии или неповолности. Лордот Bingham заклучил дека судската пракса од Стразбур била „кохерентна и конзистентна низа на пресуди“ во кои јасно се кажувало дека во такви случаи не би имало мешање. Случаи во кои мешање во член 9 било претпоставено настанувале кога дури и со давање откази и барање друго вработување или запишување во друга образовна институција, поединците не можеле да избегнат обврска која не била спојлива со нивните верски уверувања (на пример, Kokkinakis v. Greece, 25 May 1993, Series A no. 260‑A; Leyla Şahin v. Turkey [GC], no. 44774/98, ECHR 2005‑XI; Ahmet Arslan v. Turkey, dec., no. 41135/98, 23 February 2010). За разлика од тоа, во случаите кои сега се разгледуваат на првата и втората жалителка им било дозволено од страна на нивните работодавачи да носат крст на работното место под услов тој да биде покриен кога работат со клиенти или пациенти. Случајот на третата жалителка се разликува од Pichon and Sajous v. France (dec.), no. 49853/99, ECHR 2001‑X, каде Судот одлучил дека фармацевтите кои не сакале да даваат контрацептивни пилули не претпрпеле мепање во нивните права од член 9 затоа што тие можеле да го изразат нивното верско уверување на многу други начини надвор од работното место. Сите жалители во сегашниот случај биле слободни да бараат вработување на друго место, а дотолку повеќе на првата и втората жалителка им биле понудени други работни места од нивните сегашни работодавачи со ист износ на плата, а на кои немало никакви ограничувања на нивната слобода да го носат крстот на видливо место.
60. Владата исто така нагласи дека првата жалителка и четвртиот жалител биле вработени од приватни компани.. Затоа нивните жалбени наводи не подразбирале навод на директно мешање од страна на државата, туку навод дека државата не го сторила тоа што била должна да го стори согласно член 9 за да осигура дека нивните приватни работодавачи им дозволуваат да ги изразат нивните верски уверувања на работното место. Владата истакна дека можност да бидат наметнати позитивни обврски со член 9 треба да биде дозволена само кога тоа што државата не донесла определени мерки спречило некој поединец слободно да ја практикува неговата или нејзината религија. До овој момент имало само еден случај во кој Судот заклучил дека државата ја прекршила својата позитивна обврска од член 9, имено Members of the Gldani Congregation of Jehovah’s Witnesses and Others v. Georgia, no. 71156/01, 3 мај 2007, во кој државните органи не презеле мерки после насилен напад врз собор на Јеховини сведоци од група на православни верници. Овие жалби не биле споредливи. Фактот што жалители во сегашниот случај можеле да дадат отказ и да бараат вработување на друго место или да ја практикуваат нивната обврска надвор од работното место, бил доволен за да ги гарантира нивните права од член 9 согласно домашното право. Во секој случај, дури и ако државата имала определена позитивна обврска согласно член 9 во однос на акти на приватни работодавачи, таа обврска била исполнета од Обединетото Кралство во текот на релевантниот период со Правилата за еднаквост во вработувањето (религија и уверување) од 2003 (види параграф 41 погоре). Правилото 3 дефинирало „дискриминација“ на начин да вклучува директна верска дискриминација (што значи, постапување со работник на понеповолен начин поради неговата или нејзината религија или уверување) и индиректна верска дискриминација (применување на одредба, критериум или практика со која лицата кои имаат иста религија како работникот се ставаат во неповолна положба и за кои работдавачот не може да докаже дека биле пропорционално средство за постигнување на легитимна цел).
61. Како алтернатива, по член 9 Владата тврдеше дека мерките преземени од работодавачите биле пропорционални на легитимна цел во секој од случаите. Што се однесува на првата жалителка, Бритиш ервејз имала право да заклучи дека носењето на униформа играло важна улога за брендот на компанијата, и таа имала договорно право да инсистира работниците да носат униформа. Пред настаните за кои станува збор, ограничувањето на носењето на предмети на видлив начин околу вратот не предизвикувало никаков проблем помеѓу многуте вработени кои морале да носат униформа.. Првата жалителка не истакнала приговор на кодексот на облекување, барајќи негова измена, или одобрение да носи крст, туку се појавила на работно место прекршувајќи го тој кодекс. Кога Бритиш ервејс ја разгледувале жалбата на жалителката, ѝ понудиле работно место со иста плата на кое не би имала контакт со клиенти, но таа избрала да остане дома. Во ноември 2006 година, пет месеци откако првата жалителка ја започнала жалбената постапка, Бритиш ервејз најавиле преиспитување на нивната политика на носење на верски симболи на видлив начин и, после консултација со членови на персоналот и претставници на синдикатот, била донесена нова политика во јануари 2007 година, со која се доволува носење на верски симболи на видлив начин.
62. Во однос на втората жалителка, Владата нагласи дека целта на ограничувањето била да се намали ризикот од повреда при работа со пациенти. Исто така биле наметнати ограничувања на носењето на верски предмети од страна на верници кои не се христијани, од здравствени и безбедносни причини, на пример,не им било дозволено на медицинските сестри од религијата сикизам да носат бразлетна нарачена кара или мечот кирпан, а медицинските сестри од муслиманска вера морале да носат тесен, а не широк хиџаб. Тоа било легитимна цел, која се остварувала на пропорционален начин, особено затоа што здравствениот фонд ѝ понудил на втората жалителка неклиничко работно место за иста плата.
63. Владата прифати дека третата жалителка искрено верувала дека регистрираните партнерства биле спротивни на божјиот закон и дека
г-н McFarlane искрено верувал дека хомосексуалната активност била грев и дека тој не треба да прави ништо со што директно се поддржува таа активност. Сепак, Владата исто така потврди дека лондонскиот регион Ислингтон и Рилејт биле посветени на давањето на услуги без дискриминација. Тоа очигледно било легитимна цел на локалниот орган или центар за советување во лични односи Било пропорционално на таа цел во секој случај работодавачот да наложува сите работници да ги вршат нивните функции без да дискриминираат по основ на сексуална ориентација. Правилата од 2003 и Правилата од 2007 (види параграфи 41-42 погоре) воспоставувале рамнотежа во Обединетото Кралство помеѓу правото на изразување на верски уверувања и правата на поединците да не бидат дискриминирани по основ на сексуална ориентација. Тоа било прашање кое влегувало во полето на слободна оцена [margin of appreciation] кое им е дозволено на домашните органи согласно член 9, за тоа како точно таа рамнотежа треба да се воспостави. Понатаму, Судот требало да го има истиот пристап во однос на пропорционалноста и полето на слободна оцена, без разлика дали ги анализира овие случаи по член 9 самостојно или по член 14 земен во врска со член 9.
2. Првата жалителка
64. Првата жалителка истакна дека носењето на крст на видлив начин било општопризната форма на практикување на христијанството. Во секој случај, таа исто така истакна дека формулирањето од страна на Владата на тест кој мора да биде исполнет за да дојде до примена на член со 9 упатување на „акт на практикување на религија во општопризната форма“ било неточно. Таквиот тест бил премногу нејасен за да функционира во пракса и би наложувал судовите да одлучуваат по прашања на теолошка дебата, што јасно било надвор од нивна надлежност. Понатаму, тоа не било поддржано со судската пракса на Судот.
65. Покрај тоа, таа тврдеше дека рестриктивното толкување за тоа што шретставува мешање во правата од член 9 би било неконзистентно со важноста која Судот ѝ ја давал на слободата на религија. Ниту едно друго право не било подложено на доктрината дека не би имало мешање кога било можно поединецот да го избегне тоа ограничување, на пример, со давање на отказ и наоѓање на нова работа, ниту пак требало да се смета дека лицето се „откажало“ од неговото право останувајќи на работното место. Судот требало да ја толкува Конвенцијата од аспект на моменталните услови. Постоењето на други средства со кои жалителот може да го избегне ограничувањето требало да се земе предвид по член 9, став 2, при испитување дали ограничувањето било оправдано, а не по член 9, став 1 како основа за да се заклучи дека немало мешање. Во овој случај, јасно било дека има мешање: на првата жалителка ѝ било забрането да го носи крстот на видлив начин, што таа сметала дека е клучна слика на нејзината вера, таа го сметала спроведувањето на кодексот на униформи многу понижувачко и навредливо, покрај тоа, загубата на нејзината плата во период од четири месеци ѝ предизвикало значителни финансиски проблеми.
66. Првата жалителка истакна дека домашното право, како што било толкувано и применето од страна на англиските судови во нејзиниот случај, не давало адекватна заштита на нејзините права од член 9. Неа не ѝ била дадена заштита со домашното право за нејзината сосема искрена и доследна желба да ја иразува својата религија со носење на крст, затоа што таа не можела да изведе докази дека тоа било задолжителна обврска или општо практикувана манифестација на уверување. Покрај тоа, тестот од домашното право заснован на утврдување на неповолна положба на група бил правно несигурен и особено подложен на тоа да води до арбитрерни резултати. Судот никогаш немал сугерирано дека позитивната обврска на државата треба да биде наметната по член 9 само во исклучителни случаи и немало принципиелна причина зошто тоа треба да биде така. Во овој случај, имало континуирано пропуштање од страна на Владата на Обединетото Кралство да воведе адекватно законодавство за да им овозможи на оние кои се во позиција како жалителот да ги заштитат нивните права.
3. Втората жалителка
67. Втората жалителка тврдеше дека носењето на крст или распетие на видлив начин очигледно било аспект на практикување на христијанската вера во општо призната форма. Неправилно било да се прави разлика помѓу „[задолжителни]обврски“ и „не[задолжителни] обврски“ на една религија, и да се дава заштита од член 9 само на верските „[задолжителни] обврски“. Таквиот пристап би го поставил прагот за исполнување на услови за заштита превисоко и не било конзистентно со пристапот на домашните судови во случаите R (Watkins Singh) v. Aberdare High School and Williamson (види погоре) и на овој Суд во Moscow Branch of the Salvation Army v. Russia, no. 72881/01, ECHR 2006‑XI; Jakóbski v. Poland, no. 18429/06, 7 December 2010; и Bayatyan v. Armenia [GC], no. 23459/03, ECHR 2011. Понатаму, да се одлучи дека само задолжителната верска практика спаѓа во опсегот на примена член 9 би дало повисок степен на заштита на религии кои содржат конкретни правила кои мора да бидат почитувани, и понизок степен на заштита на религии кои немаат такви правила, како што е христијанството.
68. Втората жалителка го оспори аргументот на Владата дека обврската да се отстрани или покрие крстот на работно место не претставувала мешање во нејзиното право да ја изрази својата религија или уверување. Иако постарата судска пракса на Комисијата и на Судот би можела да го поддржи аргументот на Владата, во понови случаи кои се однесуваат на носењето предмети од верски карактер во образовни институции и на работно место Судот одлучил дека имало мешање (види, на пример, Dahlab v. Switzerland (dec.), no. 42393/98, ECHR 2001‑V; Leyla Şahin, цитирана погоре; Dogru v. France, no. 27058/05, 4 December 2008).
69. На крај, втората жалителка сметаше дека мешањето не било оправдано согласно член 9, став 2. Иако наводната цел на ограничувањето била да се намали ризикот од повреда при работа со постари пациенти, не биле изведени докази пред Трибуналот за работни односи за да се докаже дека носењето на крст предизвикувало здравствени и безбедносни проблеми. Втората жалителка исто така тврдеше дека овие факти доведувале до повреда на нејзините права согласно член 14 земен во врска со член 9, повикувајќи се на наводна разлика во постапувањето на надлежниот орган со жалителката во споредба со следбениците на други религии (за кои религии станува збор, види параграф 55 погоре).
4. Tретата жалителка
70. Tретата жалителка се жалеше на член 14 во врска со член 9, а не на член 9 самостојно, затоа што сметаше дека била дискриминирана по основа на религија. Таа истакна дека нејзините постапки, за кои ѝ биле изречени дисциплински санкции, биле израз на нејзината религија и дека нејзиниот навод сигурно го достигнувал понискиот праг кој е потребен за член 14 да биде применлив, имено дека влегувал во досегот на член 9. Таа исто така сметаше дека со тоа што со неа не било постапувано на поинаков начин за разлика од оние вработени кои немале привор на совеста на регистрирањето на граѓански партнерства, локалниот орган ја дискриминирал на индиректен начин. Локалниот орган можел во рамките на она што е разумно да преземе прилагодување на нејзините верски уверувања, и неговото одбивање да усвои помалку рестриктивни мерки било непропорционално согласно член 14 и член 9.
71. Tретата жалителка изјави дека Судот требало да бара „многу сериозни причини“ за да се оправда дискриминација по основ на религија. Како и други категории кои се подложни на дискриминација кои се досега утврдеии од Судот и за кои се потребни „особено сериозни причини“ (како што се пол, сексуална ориентација, етничко потекло и државјанство) верата претставувала суштински аспект на идентитетот на едно лице. Понатаму, расата, етничката припадност и верата често биле меѓусебно поврзани и биле поврзувани и од Судот (види Sejdić and Finci v. Bosnia and Herzegovina [GC], nos. 27996/06 and 34836/06, § 43, ECHR 2009 и Cyprus v. Turkey [GC], no. 25781/94, § 309, ECHR 2001‑IV).
72. Tретата жалителка прифати дека целите кои локалниот орган требало да ги оствари биле легитимни, имено да се обезбеди пристап до услуги, без оглед на сексуалната ориентација и да се пренесе порака за јасна посветеност кон недискриминација . Сепак, таа не сметаше дека Владата покажала дека имало разумен однос на пропорционалност помеѓу тие цели и употребените средства за нивно постигнување. Таа нагласи дека таа била вработена како матичар за склучување бракови пред измената на законот со која со дозволува да се склучуваат граѓански партнерства, и дека основата по која била вработена била суштински изменета. Локалниот орган имал дискреционо право да одлучи таа да не биде назначена како матичар за граѓански партнерства и дека сѐ уште можел да обезбеди доволно услуги за граѓански партнерства истовремено правејќи разумно прилагодување на приговорот на совеста на жалителката. Тој приговор се однесувал на учество во давањето на правен статус заснован на институција која таа је сметала како брак, дури и ако не се вика така; жалителката не покажала никакви предрасуди кон хомосексуалците. Во секој случај, не можело да се претпостави дека, ако локалниот орган обезбедел разумно прилагодување за жалителката, дека тоа би се сметало за одобрување на нејзините уверувања. На пример, кога државата дозволувала лекари кои таа ги вработувала да не вршат абортуси, тоа не значело нужно дека државата ги одобрува ставовите на лекарите, туку тоа било знак на толеранција. Во овој случај, сепак, локалниот орган не ја зел предвид на адекватен начин својата должност за неутралност. Тој не воспоставил рамнотежа помеѓу обезбедувањето на услуги на начин на кој не дискриминира по основ на сексуална ориентација, истовремено избегнувајќи дискриминација на своите вработени по основ на религија.
5. Четвртиот жалител
73. Г-н McFarlane не се согласи со позицијата на Владата дека неговото почитување на јудео-христијанскиот сексуален морал не било изразување на верско уверување, и покрај фактот што, вообичаено, религијата објавува јасни морални и сексуални граници. Тој истакна дека било банално да се изјави дека не е заштитен секој акт мотивиран или инспириран од верско уверување, тоа важело за секое друго право од Конвенцијата кое може да биде ограничено, како што е слободата на говорот и правото на почитување на приватниот живот. Правилниот стандард кој што бил употребуван од Судот бил тој дека секое мешање во слободата на мислата, совеста или религијата мора да биде неопходно во демократско општество и да биде пропорционално на легитимната цел која со него треба да се пствари. При утврдувањето на полето на слободна оцена кое треба да ѝ се дозволи на државата во однос на ограничувања на слободата на религија, Судот морал да ја земе предвид важноста на тоа за кое се одлучува, имено потребата да се одржи вистински верски плурализам, што било инхерентен дел на концептот на демократско општество. Заштитата од член 8 би била беспредметна ако тоа не оди надвор од просто штитење на изразувањето на вера или уверување, во општопризната форма, кога самата држава е таа која го утврдува токму ова прашање.
74. Г-н McFarlane наглси дека неговото отпуштање од работа и штетата за неговта професионална репутација биле една од најстрогите санкции кои можеле да бидат изречени на едно лице, и тоа морало да се земе предвид при утврдувањето на полето на слободна оцена на државата. Жалителот бил вработен од приватна компанија која немала никаква законска обврска да ги дава услугите за кои станува збор. Било возможно клиентите хомосексуалци да се упатуваат на друг терапевт. Не било реалистично да се бара од жалителот да ја промени работата или кариерата заради негвото морално противење на хомосексуално однесување, истото не би било барано од хомосексуалец кој ја загубил својата работа по основ на дискриминација.
6. Tретите страни
75. Вкупно даванесет трети страни добија дозвола согласно правило 44, став 2 од Правилата на Судот и член 36, став 2 oд Конвенцијата да поднесат писмени коментари (види параграф 5 погоре) .
76. Повеќе вмешувачи доставија коментари за прашањето дали носењето на крст можело да се смета за изразување на верско уверување. Во поднесоците на Првиот концерн на христијански медиуми, д-р Peter Forster, бискупот од Честер; Nicholas Reade, бискупот од Блекбарн и бискупот Michael Nazir-Ali, покрај повикувањето на поновата пресуда на Судот во Lautsi and Others v. Italy [GC], no. 30814/06, ECHR 2011 (extracts), се забележува дека крстот е универзално признат христијански симбол и „очигледно изразување“ на христијанската вера. Понатаму, заедно со Комисијата за еднаквост и човекови права, Здружението “Giuseppi Dossetti: i Valori” и лордот Carey oд Clifton, истакнаа дека соодветниот пристап при оценувањето на манифестации на верско уверување бил субјективен. Посебно, тие тврдеа, идејата за „задолжителна обврска“ била превисок критериум и со неа премногу се поедноставувале работите. Првиот концерн на христијански медиуми, Здружението “Giuseppi Dossetti: i Valori” и бискупот Michael Nazir-Ali го повикаа Судот да одлучи дека не е на државата или работодавачот да ја оценуваат точноста на верските уверувања или изразувања на верата. Комисијата за еднаквост и човекови праав препорача дека соодветниот тест, кој произлегувал од поновата судска пракса на Судот го ставал главниот фокус на уверувањето на верникот. За разлика од тоа, Националното секуларно друштво посочи дека домашните судови донесле заклучоци во однос на фактите за прашањето дали било која верска практика била раководена од „барање на совеста“ или од „обична желба за себеизразување“. Тие сугерираа дека Судот треба да биде особено веподготвен да се меша во овие фактички оцени.
77. Во однос на прашањето кога ќе биде најдено мешање во член 9: Комисијата за еднаквост и човекови права истакна дека судовите во Обединетото Кралство, практично, гарантирале различни степени на заштита на лица кои изразуват чисто верски индентитет за разлика од оние чии верски и расни идентитети биле меѓусебно поврзани (види R (Watkins-Singh) v. Governing Body of Aberdare Girls’ High School [2008] EWHC 1865 (Admin)). Покрај тоа, тие нагласија дека прашањето за мешање мора да ги земе предвид не само одлуките кои лицето ги има донесено, како што е изборот на определено вработување, туку исто така и постапките на работодавачот. Повеќе други вмешувачи јасно го искажаа нивниот став дека било прилично порешно работникот да биде принуден да го направи тешкиот избор помеѓу неговата или нејзината работа и вера. Националното секуларно друштво имаше поинаков пристап, нагласувајќи дека „слободата да се даде отказ е најважната гаранција на слободата на совеста“. Во дополнение на тоа, тие сугерираа дека не постоеле позитивни обврски на државите да ги заштитат вработените од униформи или други обврски.
78. Во врска со прашањето на пропорционалност и оправдување на мешање во член 9, повеќе вмешувачи (Европскиот центар за право и правда, д-р Jan Carnogurksy и Фондот за заштита на алијансата; Комисијата за еднаквост и човекови права, Здружението “Giuseppi Dossetti i Valori”; бискупот Michael Nazir-Ali; лордот Carey; и Институтот Clapham и КЛМ) се повикаа на концептот на „разумно прилагодување“, или, како што лордот Carey го нарече “взаемна почит“: тие тврдеа, генерално, дека при анализата на пропорционалност Судот треба да ја земе предвид можноста за прилагодување ан уверувањата и практиките на лицето. Тие нагласија дека компромисот помеѓу две спротивставени права бил неопходен во демократско и плуралистичко општество. Врз основа на тоа, сѐ додека верските практики на поединецот не влијаат негативно на давањето на услуги или немаат негативно влијание врз работодавачот, тие верски практики треба да бидат дозволени и заштитени на работното место. Во тој поглед, Фондот за заштита на алијансата го свртува вниманието на Судот кон судската пракса во Соединетите Американски Држави , која наложувала разумно прилагодување на верски уверувања и практики сѐ додека тоа прилагодување не предизвикува „прекумерни потешкотии“ за работодавачот. Liberty истакна дека, при анализрањето на оправдување за ограничување на права од член 9, на државите договорнички требало да им биде дозволено „легитимно“ поле на слободна оцена. Тоа беше потврдено од поднесоците на Националното секуларно друштво, кое побара вниманието на Судот да се снасочи кон поминувањето на нацрт законот за еднаквост во двата дома на Парламентот. Тие истакнаа, дека преку тој процес, Обединетото Кралство направило детална анализа на можноста за исклучок заснован на „приговор на совеста“. Тие велат тоа што овој исклучок на крајот бил повелечен после целосна дебата, значело дека релевантното поле на слободна оцена треба да биде широко. Меѓународната комисија на правници, професорот Robert Wintemute, Меѓународната федерација на лиги за човекови орава и ИЛГА – Европа се повикаа на споредбени материјали, посочувајќи дека, кога се дадени, законските исклучоци од закони за дискриминација, генерално се за верски институции и организации, а не за поединци. За разлика од ставовите на другите вмешувачи, Liberty го повика Судот да одлучи дека, кога се анализираат поврзаните прашања на пропорционалност и прилагодување, треба да се земе предвид влијанието на било какво прилагодување врз другите, особено кога и тие самите се малцинство или се во неповолна положба. Тие отидоа и дотаму, да го повикаа Судоот да се повика на член 17 од Конвенцијата, ако е потребно и соодветно.
Б. Оцена на Судот
1. Општи принципи во врска со член 9 од Конвенцијата
79. Судот потсетува дека, како што е гарантирано во член 9, слободата на мислата, совеста и религијата е една од основите на „демократското општество“ во смисла на Конвенцијата. Во нејзината верска димензија таа е една од највиталните елементи кои го чинат идентитетот на верниците и нивното сфаќање за животот, но исто така и скапоцена придобивка за атеистите, агностиците, скептиците и на оние кои не се заинтересирани. Плурализмот кој е неделив од демократското општество, којшто беше стекнат во текот на вековите, зависи од таа слобода (види Kokkinakis v. Greece, 25 May 1993, § 31, Series A no. 260‑A).
80. Верската слобода е пред сѐ прашање на мислата и совеста на поединецот. Овој аспект на правото наведено во првиот став на член 9, да се има било какво верско уверување и да се промени религијата или уверувањето, е апсолутен и не зависи од услови. Сепак, како пто е потоа наведено во член 9, став 2, слободата на религијата исто така подразбира право на изразување на уверувањето, насамо и во приватност, но исто така и да се практикува во заедница со други и во јавност. Изразувањето на верско уверување може да биде во форма на молитва, предавање, практикување и вршење на обреди. Искажувањето преку зборови и дела е поврзано со постењето на верски уверувања (види Kokkinakis, цитирана погоре, параграф 31 како и Leyla Şahin v. Turkey [GC], no. 44774/98, § 105, ECHR 2005‑XI). Со оглед на тоа што изразувањето од страна на едно лице на неговото или нејзиното верско уверување може да има влијание врз другите, творците на Конвенцијата го условиле овој аспект на слободата на религија на начинот предвиден во член 9, став 2. Вториот став предвидува дека секое ограничување наметнато на слободата на едно лице мора да биде предвидено со закон и да биде неопходно во демократско општество за остварување на една или повеќе од легитимните цели наведени во него.
81. Правото на слобода на мислата, совеста и религијата означува ставови кои достигнуваат определено ниво на задолжителност, сериозност, кохезија и важност (види Bayatyan v. Armenia [GC], no. 23459/03, § 110, ECHR 2011; Leela Förderkreis e.V. and Others v. Germany, no. 58911/00, § 80, 6 November 2008; Jakóbski v. Poland, no. 18429/06, § 44, 7 December 2010). Под услов тоа да е исполнето, должноста на државата за неутралност и непристрасност не е спојлива со било какво овластување на државата да ја оценува легитимноста на верските уверувања или начините на кои тие уверувања се изразуваат (види Manoussakis and Others v. Greece, judgment of 26 September 1996, Reports 1996-IV, p. 1365, § 47; Hasan and Chaush v. Bulgaria [GC], no. 30985/96, § 78, ECHR 2000‑XI; Refah Partisi (the Welfare Party) and Others v. Turkey [GC], nos. 41340/98, 41342/98, 41343/98 and 41344/98, § 1, ECHR 2003-II).
82. Дури и кога уверувањето за кое станува збор го достигнува потребното ниво на задолжителност и важност, не може да се каже дека секој акт кој е на некој начин инспириран, мотивиран или под влијание на религија, претставува „изразување“ на уверувањето. Така, на пример, дејствија или пропуштања со кои не се изразува директно уверувањето за кое станува збор или кои имаат само далечна врска со концептот на вера се надвор од опсегот на член 9, став 1 (види Skugar and Others v. Russia (dec.), no. 40010/04, 3 December 2009 или, на пример, Arrowsmith v. the United Kingdom, Commission’s report of 12 October 1978, Decisions and Reports 19, p. 5; C. v. the United Kingdom, Commission decision of 15 December 1983, DR 37, p. 142; Zaoui v. Switzerland (dec.), no. 41615/98, 18 January 2001). За да се смета како „изразување“ во смисла на член 9, дејствието за кое станува збор мора да биде тесно поврзано со религијата или уверувањето. Таков пример би бил акт на молење или посветеност којшто е дел од практикувањето на религија или уверување во општопозната форма. Сепак, изразувањето на религија или уверување не е ограничено само на такви акти, постоењето на доволно блиска и директна врска помеѓу актот и уверувањето на кое тој се заснова мора да се утврди врз основа на фактите на секој случај. Поконкретно, нема обврска за жалителот да докаже дека тој или таа постапувал во исполнување на должност наложена од конкретната религија (види Cha’are Shalom Ve Tsedek v. France [GC], no. 27417/95, §§ 73-74, ECHR 2000‑VII; Leyla Şahin, цитирана погоре, параграфи 78 и 105; Bayatyan, цитирана погоре, параграф 111; Skugar, цитирана погоре; Pichon and Sajous v. France (dec.), no. 49853/99, Reports of Judgments and Decisions 2001-X).
83. Точно е, како што посочи Владата и како пто лордот Bingham забележа во случајот R (Begum) v. Governors of Denbigh High School (види параграф 46 погоре), дека има судска пракса на Судот и Комисијата којашто посочува дека, ако лицето може да преземе мерки за да го избегне ограничувањето на неговата или нејзината слобода на изразување на религијата или уверувањето, нема мешање во нравото од член 9, став 1 и затоа ограничувањето не е потребно да биде оправдано согласно член 9, став 2. На пример, во случајот цитиран погоре, Cha’are Shalom Ve Tsedek Судот одлучил дека „би имало мешање во слободата на изразување на религијата само ако незаконитоста на вршење на ритуално колење на животни им оневозможувала на ултра-ортодоксните Евреи да јадат месо од животни кои се заклани во согласност со верските правила за кои тие сметале дека се применливи“. Сепак, овој заклуок може да се објасни со наодот на Судот дека практикувањето на религијата и обредите за кои станува збор во тој случај биле конзумирањето на месо само од животни кои биле ритуално заклани и за кои имало потврда дека се во согласност со верските правила за исхрана, а не на лична инволвираност во самото ритуално колење и процес на сертификација (види параграфи 80 и 81 од таа пресуда). Најважно од сѐ, во случаи кои се однесуваат на ограничувања наметнати од работодавачи во однос на можноста работникот да почитува некоја верска практика, Комисијата одлучила во неколку одлуки дека можноста за давање на отказ и промена на работното место значела дека немало мешање во верската слобода на работникот (види, на пример, Konttinen v. Finland, Commission’s decision of 3 December 1996, Decisions and Reports 87-A, p. 68; Stedman v. the United Kingdom, Commission’s decision of 9 April 1997; cпореди со Kosteski v. “the former Yugoslav Republic of Macedonia”, no. 55170/00, § 39, 13 April 2006). Сепак, Судот нема сличен пристап во однос на дисциплински санкции наметнати на поединеци како последица на нивно остварување на други права кои се заштитени со Конвенцијата, на пример, правото на почитување на приватниот живот по член 8, правото на слобода на изразување по член 10 или негативното право да не се стане член на синдикат, по член 11 (види, на пример, Smith and Grady v. the United Kingdom, nos. 33985/96 and 33986/96, § 71, ECHR 1999‑VI; Vogt v. Germany, 26 September 1995, § 44, Series A no. 323; Young, James and Webster v. the United Kingdom, 13 August 1981, §§ 54-55, Series A no. 44). Со оглед на важноста на слободата на религија во демократско општество, Судот смета дека, кога едно лице се жали на ограничување на слободата на религија на работното место, наместо да се одлучи дека можноста за промена на работното место би исклучила постоење на мешање во тоа право, подобар пристап би бил да се оцени таа можност во севкупната рамнотежа кога се одлучува дали ограничувањето било пропорциоанлно или не.
84. Според воспоставената судска пракса, Судот им дава на државите договорни страни на Конвенцијата, определено поле на слободна оцена [margin of appreciation] при одлучувањето дали и до кој обем мешањето било неопходно. Ова поле на слободна оцена оди заедно со европскиот надзор кој се однесува и на законите и на одлуките со кои тие закони се применуват. Задачата на Судот е да утврди дали мерките донесени на домашно ниво биле оправдани во принцип и пропорционални (види Leyla Şahin, цитирана погоре, параграф 110; Bayatyan, цитирана погоре, параграфи 121-122; Manoussakis, цитирана погоре, параграф 44). Кога, како во случајот на првиот и четвртиот жалител, обжалените акти биле извршени од приватни компании и затоа не можеле директно да се припишат на тужената држава, Судот мора да ги аналзира прашањата во смисла на позитивна обврска на државните органи да ги обезбедат правата од член 9 на оние кои се во нивна надлежност (види, Palomo Sánchez and Others v. Spain [GC], nos. 28955/06, 28957/06, 28959/06 and 28964/06, §§ 58-61, ECHR 2011; види исто така Otto-Preminger-Institut v. Austria judgment of 25 November 1994, Series A no. 295, § 47). Иако границата помеѓу позитивните и негативните обврски на државата согласно Конвенцијата, не е предмет на прецизна дефиниција, применливите принципи се сепак слични. И во двата контекста мора да се земат предвид особено правичната рамнотежа која мора да се воспостави помеѓу спротивставените интереси на поединецот и на заедницата како целина, во секој случај согласно полето на слободна оцена кое државата го ужива (вид Palomo Sánchez and Others, цитирана погоре, параграф 62).
2. Општи принципи во однос на член 14 од Конвенцијата
85. Судот потсетува дека член 14 од Конвенцијата нема самостојно постоење, затоа што има дејство само во врска со правата и слободите заштитени со другите материјални одредби на Конвенцијата и нејзините протоколи. Сепак, примената на член 14 не претпоставува повреда на една или повеќе такви одредби и во тој обем членот е автономен. За член 14 да биде применлив, доволно е фактите на случајот да влегуваат во досегот [the ambit] на примена на друга материјална одредба на Конвенцијата и нејзините протоколи (види, на пример, Thlimmenos v. Greece [GC], no. 34369/97, § 40, ECHR 2000‑IV).
86. Судот има утврдено во неговата судска пракса дека само разликите во постапувањето засновани на карактеристика која може да се идентификува, или „статус“, може да доведат до дискриминација во смисла на член 14 (Carson and Others v. the United Kingdom [GC], no. 42184/05, § 61, ECHR 2010). „Религијата“ е посебно спомената како забранет основ за дискриминација.
87. Општо земено, за да дојде до проблематично прашање по член 14 мора да има разлика во постапувањето со лица во аналогни, или релевантно слични ситуации (Burden v. the United Kingdom [GC], no. 13378/05, § 60, ECHR 2008‑). Сепак, тоа не е единствениот аспект на забраната на дискриминација во член 14. Правото да не се биде дискриминиран во уживањето на правата гарантирани со Конвенцијата е исто така повредено кога државите без објективно и разумно оправдување, не постапуваат на различен начин со лица кои се во ситуации кои значително се разликуваат (Thlimmenos, цитирана погоре, параграф 44; види исто така D.H. and Others v. the Czech Republic [GC], no. 57325/00, § 175, ECHR 2007; Runkee and White v. the United Kingdom, nos. 42949/98 and 53134/99, § 35, 10 May 2007).
88. Таква разлика во постапувањето со лица во релевантно слични позиции – или непостапување на различен начин со лица во релевантно различни ситуации – е дискриминаторско ако нема објективно и разумно оправдување, или со други зборови, ако со тоа не се остварува легитимна цел или ако нема разумен однос на пропорционалност помеѓу средставта кои се употребени за постигнување на таа цел и целта која треба да се постигне. Државата договорничка ужива поле на слободна оцена во оценувањето дали и во кој обем разликите во инаку слични ситуации оправдуваат различно постапување (Burden, цитирана погоре, параграф 60). Опсегот на ова поле на слободна оцена ќе се разикува во зависност од околностите, предметот на разгледување и неговата позадина (Carson and Others, цитирана погоре, параграф 61).
3. Примена на принципите наведени погоре врз фактите на случаите за кои сега се одлучува
a. Првата жалителка
89. Не беше спорно во постапката пред домашните трибунали и пред овој Суд дека инсистирањето на г-ѓа Eweida да го носи крстот на видлив начин било мотивирано од нејзината желба да ја потврди нејзината христијанска вера. Применувајќи ги принципите наведени погоре, Судот смета дека однесувањето на г-ѓа Eweida било изразување на нејзиното верско уверување преку молитва, практика и вршење обреди, и како такво спаѓало под заштита на член 9.
90. Г-ѓа Eweida била вработена во приватна компанија, Бритиш ервејз. На 20 септември 2006 таа била вратена дома од работа поради нејзиното одбивање да го сокрие крстот, спротивно на кодексот на униформи. Околу месец дена подоцна неа ѝ било понудено административно работно место на кое не би била должна да носи униформа. Сепак, таа избрала да не ја прифати таа понуда и наместо тоа останала дома без плата до февруари 2007 година, кога Бритиш ервејз ги изменила своите правила во врска со униформи и ѝ дозволила да го истакне крстот.
91. Судот смета дека одбивањето на Бритиш ервејз од септември 2006 до февруари 2007 година да ѝ дозволи на жалителката да остане на работното место додека носи крст на видлив начин претставувало мешање во нејзиното право на изразување на нејзината религија. Со оглед на тоа што мешањето не можело директно да ѝ се припише на државата, Судот мора да испита дали во сите околности државните органи ги почитувале ниввните позитивни обврски од член 9 со други зборови, дали правото на г-ѓа Eweida слободно да ја изразува нејзината религија било доволно обезбедено во домашниот правен поредок и дали била воспоставена правична рамнотежа помеѓу нејзините права и правата на другите.
92. Како и голем број на држави договорнички (види параграф 47 погоре), Обединетото Кралство нема законски одредби со кои посебно се регулира носењето на облека од верски карактер и верски симболи на работното место. Г-ѓа Eweida започнала домашна постапка за надомест на штета поради директна и индиректна дискриминација во спротивност на правило 3 од Правилата од 2003 (види параграф 41 погоре). Трибуналот за работни односи прифатил дека нема надлежност да одлучува по евенутален одделен или самостоен навод заснован на член 9 од Конвенцијата. Жалителката се повикала на член 9 пред Апелациониот суд, иако тој суд одлучил дека немало мешање во нејзините права од член 9. Сепак, иако разгледувањето на случајот на г-ѓа Eweida од страна на домашните трибунали и домашниот суд пред сѐ било насочено кон наводот за дискриминаторско постапување, јасно е дека легитимноста на кодексот за униформи и пропорционалноста на мерките преземени од страна на Бритиш ервјез во однос на г-ѓа Eweida биле испитани детално. Судот затоа не смета дека тоа што нема посебна заштита во домашното право само по себе значи дека правото на жалителката на изразување на нејзината религија преку носење на верски симбол на работа било недоволно заштитено.
93. При анализрањето на пропорционалноста на мерките преземени од Бритиш ервејз за спроведување на кодексот за униформи, националните судии во секој степен на надлежност се согласиле дека целта на кодексот била легитимна, имено да се прикаже определен имиџ на компанијата и да се промовира препознавањето на нејзиниот бренд и персонал. Трибуналот за работни односи сметал дека обврската да се почитува кодексот била непропорционална, затоа што тој не правел разлика помеѓу предмет кој се носи како верски симбол од парче накит кој се носи исклучиво за разубавување. Овој заклучок бил преиначен по жалба од страна на Апелациониот суд, кој одлучил дека Бритиш ервјез постапила пропорционално. При донесувањето на овој заклучок, Апелациониот суд упатил на фактите на случајот утврдени од страна на Трибуналот за работни односи и, особено, дека кодексот на облекување бил во сила неколку години и не предизвикал проблеми за жалителот или било кој од другите врабитени. Г-ѓа Eweida изјавила формална жалба, но одлучила да дојде на работа истакнувајќи го нејзиниот крст, без да го чека исходот на жалбената постапка, дека Бритиш ервјез совесно се справиле со прашањето штом била поднесена жалбата, што опфаќало процес на консултација и што довело до ублажување на кодексот на облекување за да се дозволи носењето на верски симболи на видлив начин, и дека на г-ѓа Eweida ѝ била понудена администраттиван работа за истата плата во текот на тој процес и дека во февруари 2007 таа била вратена на старото работно место.
94. Според Судот, јасно е дека овие фактори земени заедно го ублажуваат степенот на мешање со кој жалителката се соочила и тоа мора да биде земено предвид. Понатаму, при оценувањето на пропорционалноста на мерките преземени од приватна компанија во однос на работник, националните органи, посебно судовите, постапуваат во рамките на полето на слободна оцена. Сепак, Судот донесе заклучок дека во овој случај не била воспоставена правична рамнотежа. На едната страна на вагата е желбата на г-ѓа Eweida да го изрази нејзиното верско уверување. Како што беше претходно воочено, тоа е фундаментално право затоа што едно здраво демократско општество мора да биде толерантно и да го одржува плурализмот и различноста, но, исто така поради вредноста за поединецот за кого религијата е централен принцип во неговиот или нејзиниот живот да може да го изрази тоа уверување на другите. На другата страна на вагата била желбата на работодавачот да презентира определен имиџ на компанијата. Судот смета дека иако оваа цел е несомнено легитимна, домашните судови ѝ дале премногу важност. Крстот на г-ѓа Eweida бил дискретен и не можел да влијае премногу врз нејзиниот професионален изглед. Немало докази дека носењето на други, претходно одобрени, парчиња облека со верски карактер, како што се турбани и хиџаби, од страна на другите работници, имало било какво негативно влијание врз брендот или имиџот на Бритиш ервејз. Понатаму, фактот што комапнијата можела да го измени кодекост на облекување и да дозволи носење на верски симболичен накит на видлив начин, покажува дека претходната забрана не била од клучна важност.
95. Судот затоа заклучува дека во овие околности, во кои нема докази за било какво повредување на интересите на другите, домашните органи не го заштитиле доволно правото на првата жалителка да ја изрази нејзината религија, повредувајќи ја позитивната обврска од член 9. Со оглед на овој заклучок, Судот не смета дека не е потребно посебно да го разгледа жалбениот навод на жалителката по член 14 земен заедно со член 9.
б. Втората жалителка
96. Г-ѓа Chaplin е исто така христијанка, којашто го носи крстот на ланец околу вратот од нејзината кризма во 1971. Во времето на настаните за кои станува збор таа работела како медицинска сестра на геријатриско одделение кое имало политика за униформи заснована на упатства од Министерството за здравство. Политиката предвидувала, меѓу другото, дека „нема да бидат носени ѓердани за да се намали ризикот од повреда при работа со пациенти“ и дека секој од членовите на персоналот којшто сакал да носи определен предмет од верски или културни причини прво морал тоа да го истакне кај неговиот непосреден раководител кој не смеел неосновано да не даде одобрение. Во 2007 година биле воведени нови туники со кои јаката од претходната униформа бола заменета со V изрез, така што крстот на жалителката сега бил позабележителен, и од задниот дел и предниот дел на вратот. Жалителката била замолена да ги отстрани ланецот и крстот. Кога таа одбила, во ноември 2009 година таа била преместена на работното место кое не вклучувало работа со пациенти, и кое било избришано во јули 2010. Таа се жалела до Трибуналот за работни односи на директна и инидиректна дискриминација. Трибуналот го одбил наводот за директна дискриминација затоа што заклучил дека нема докази дека со жалителката било постапувано на понеповолен начин во споредба со нејзините колеги кои сакале да носат други предмети по верска основа. Трибуналот исто така го отфрил наводот за индиректна дискриминација, заклучувајќи дека политиката на надлежниот органот била пропорционална на целта која требало да ја постигне.
97. Како и за г-ѓа Eweida, и во согласност со генералнте принципи наведени погоре, Судот смета дека решеноста на втората жалителка да носи крст и ланец на работа била изразување на нејзиното верско уверување и дека одбивањето на надлежниот орган да ѝ дозволи да остане на работното место како медицинска сестра додека носи крст било мешање во нејзината слобода на изразување на нејзината религија.
98. Работодавачот на втората жалителка бил јавен орган, и Судот мора да утврди дали мешањето било неопходно во демократско општество за остварување на една од целите наведени во член 9, став 2. Во тој случај, не се чини дека има било какво несогласување дека причината за ограиничувањето на накит, вклучително и верски симболи, била да се заштити здравјето и безбедноста на медицинските сестри и пациентите. Доказите пред Трибуналот за работни односи укажувале дека раководителите на жалителката сметале дека имало ризик дека вознемирен пациент би можел да го фати и да го повлече ланецот, повредувајќи се себеси или повредувајќи ја жалителката, или дека крстот би можел да се заниша нанапред и би можел, на пример, да дојде во контакт со отворена рана. Исто така имало докази дека од друга медицинска сестра христијанка било побарано да го отстрани крстот и ланецот, и дека на две медицински сестри следбенички на сикизмот им било кажано да не носат бразлетна или кирпан, и дека биле забранети широки хиџаби. На жалителката ѝ била понудена можноста да го носи крстот како брош на нејзината униформа, или под блуза со висока јака која се носи под нејзината туника, но таа сметала дека тоа не било доволно за да ги почитува своите верски уверувања.
99. Судот смета како и во случајот на г-ѓа Eweida, дека важноста за втората жалителка да ѝ биде дозволено да ја изрази нејзината религија со носење на крст мора да се земе како сериозна причина при воспоставувањето на рамнотежа. Сепак, причината од која била замолена да го отстрани крстот, имено заштитата на здравјето и безбедноста на болничкото одделение, била од поголема важноста од тоа што важело во случајот на г-ѓа Eweida. Понатаму, ова е област во која на домашните органи мора да им се дозволи широко поле на слободна оцена. Раководителите на болницата биле во подобра позиција да носат одлуки за безбедноста на клиниката отколку еден суд, особено меѓународен суд пред кој не се изведуваат директно докази.
100. Следува дека Судот не може да заклучи дека мерките на кои
г-ѓа Chaplin се жали биле непропорционални. Следува дека мешањето во нејзината слобода да ја изразува нејзината религија било неопходно во демократско општество и дека немало повреда на член 9 во однос на втората жалителка.
101. Понатаму, Судот смета дека факторите кои треба да се оценат при воспоставувањето на рамнотежата при оценување на пропорционалноста на мерката според член 14 земен во врска со член 9 би биле слични, и дека нема основа за да се утврди ни повреда на член 14 во овој случај.
в. Tретата жалителка
102. Судот воочува дека третата жалителка е христијанка, која има православен христијански став дека бракот е заедница на еден маж и една жена за цел живот. Таа верувала дека заедниците од ист пол биле спротивни на божјата волја и дека било погрешно таа да учествува во создавањето на институција помеѓу двојки од ист пол која е еквивалента на бракот. Заради нејзиното одбивање да се согласи да биде назначена како матичар за граѓански партнерства, била започната дисциплинска постапка која завршила со тоа што таа ја загубила својата работа.
103. Tретата жалителка не се жалеше по член 9 земен самостојно, туку се жалеше дека таа била дискриминирана поради нејзините христијански уверувања, спротивно на член 14 земен во врска со член 9. За Судот, јасно е дека приговорот на жалителката да учествува во склучувањето на граѓански партнерства помеѓу двојки од ист пол бил директно мотивиран од нејзините верски уверувања. Настаните за кои станува збор влегуваат во досегот на примена на член 9 и член 14 е затоа применлив.
104. Судот смета дека релевантната споредба во овој случај е матичар кој нема верски приговор кон заедници од ист пол. Судот се согласува со аргументот на жалителката дека обврската на локалниот орган сите матичари на родени, венчани и умрени лица да бидат назначени како матичари и за граѓански партнерства особено негативно влијаело на неа поради нејзините верски уверувања. За да се утврди, дали одлуката на локалниот орган да не направи исклучок за жалителката и за други кои биле во таква ситуација претставувала индиректна дискриминација спротивна на член 14, Судот мора да утврди дали политиката имала легитимна цел и дали била пропорционална.
105. Апелациониот суд во овој случај одлучил дека целта на локалниот орган била да се обезбедат услуги кои не се само ефективни само во смисла на практичност и ефикасност, туку исто така и услуги кои се во согласност со политиката да биде „работодавач и јавен орган целосно посветен на заштита на еднаквите можности и на барање до сите вработени да постапуваат на начин со кој не ги дискриминираат другите“. Судот потсетува дека во неговата судска пракса во однос на член 14 тој има одлучено дека разликите во постапувањето засновани на сексуална ориентација бараат особено сериозни причини за да бидат оправдани (види, на пример, Karner v. Austria, no. 40016/98, § 37, ECHR 2003‑IX; Smith and Grady, цитирана погоре, параграф 90; Schalk and Kopf v. Austria, no. 30141/04, § 97, ECHR 2010). Судот исто така има воочено дека двојките од ист пол се во релевантно слична ситуација со двојките од спротивен пол во однос на нивната потреба за правно признавање и заштита на нивната врска, иако со оглед на тоа што практиката во тој поглед сѐ уште се развива во Европа, државите договорнички имаат широко поле на слободна оцена во однос на начинот на кој тоа се постигнува во домашниот правен поредок (Schalk and Kopf, цитирана погоре, параграфи 99-108). Со оглед на тоа, јасно е дека целта на локалниот орган била легитимна.
106. Останува да се утврди дали средствата употребени за остварување на таа цел биле пропорционални. Судот зема предвид дека последиците за жалителката биле сериозни со оглед на јачината на нејзиното верско уверување, таа сметала дека нема друг избор освен да се соочи со дисциплински мерки, наместо да биде назначена за матичар за граѓански партнерства, и на крајот, таа ја изгубила својата работа. Понатаму, не може да се каже дека кога го склучила договорот за работа, жалителката конкретно се откажала од нејзиното право да го изразува своето верско уверување преку противење да учествува во создавањето на граѓански партнерства, затоа што оваа обврска била воведена од работодавачот подоџна. Од друга страна, сепак, политиката на локалниот орган е насочена кон обезбедување на правата на другите кои се исто така заштитени со Конвенцијата. Судот генерално им дозволува на државните органи широко поле на слободна оцена кога станува збор за воспоставување на правична рамнотежа помеѓу спротивставени права од Конвенцијата (види, на пример, Evans v. the United Kingdom [GC], no. 6339/05, § 77, ECHR 2007‑I). Во сите околности, Судот не смета дека националните органи, што значи локалниот орган работодавач кој ја започнал дисциплинската постапка, а исто така и домашните судови кои го одбиле тужбениот навод на жалителката за дискриминација, го пречекориле полето на слободна оцена кое им е дозволено. Затоа не може да се каже дека имало повреда на член 14 во врска со член 9 во однос на третата жалителка.
г. Четвртиот жалител
107. Главниот жалбен навод на г-н McFarlane беше по член 9 од Конвенцијата, иако тој исто така се жалеше по член 14 во врска со член 9. Тој бил вработен во приватна компанија која имала политика да ги обврзува работниците да даваат услуги подеднакво и на хетеросексуални и на хомосексуални двојки, и одбил да се посвети на давањето на психолошко-сексуална терапија на двојки од ист пол, што довело до дисциплинска постапка против него. Неговиот навод за индиректна дискриминација, помеѓу другото, бил одбиен од Трибуналот за работни односи и Апелациониот трибунал за работни однос, а нему исто така не му било дадено одобрение да поднесе жалба до Апелациониот суд.
108. Судот прифаќа дека приговорот на г-н McFarlane бил директно мотивиран од неговите ортодоксни христијански уверувања за бракот и сексуалните врски, и одлучува дека неговото одбивање да се обврзе да дава терапија на хомосексуални двојки претставувало изразување на неговата религија и уверување. Позитивната обврска на државата од член 9 барала од неа да му ги обезбеди неговите права од член 9.
109. Останува да се утврди дали државата ја исполнила оваа позитивна обврска и посебно, дали била воспоставена правична рамнотежа помеѓу спротивставените интереси за кои станува збор (види параграф 84 погоре). При правењето на оваа анализа, Судот зема предвид дека тоа што тој ја изгубил неговата работа било строга санкција со сериозни последици за жалителот. Од друга страна, жалителот доброволно се запишал на постдипломската програма за обука на Рилејт за психолошко-сексуална терапија, знаејќи дека Рилејт има Политика за еднакви можности и дека избирањето на клиенти по основ на сексуална ориентација не би било возможно (види параграфи 32-34 погоре). Иако Судот не смета дека одлуката на едно лице да склучи договор за вработување и да преземе одговорности за кои тој знае дека ќе имаат влијание врз неговата слобода на изразувље на неговите верски уверувања е одлучувачка по прашањето дали имало мешање во правата од член 9, ова е прашање кое треба да се земе предвид при оценувањето дали била воспоставена правична рамнотежа (види параграф 83 погоре). Сепак, за Судот најважниот фактор кој треба да се земе предвид е дека постапката на работодавачот била со намера да се обезбеди имплементација на неговата политика на давање на услуги без дискриминација. Затоа државните органи имале широко поле на слободна оцена при одлучувањето дали била воспоставена правична рамнотежа помеѓу правото на г-н McFarlane да го изразува неговото верско уверување и интересот на работодавачот да ги обезбеди правата на другите. Во овие околности, Судот не смета дека полето на слободна оцена било пречекорено во овој случај.
110. Како заклучок, Судот не смета дека одбивањето ан домашните судови да ги усвојат жалбените наводи на г-н McFarlane довело до повреда на член 9, земен самостојно или во врска со член 14.
III. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОВВЕНЦИЈАТА
111. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
A. Штета
112. Г-ѓа Eweida побара надомест за загубена заработувачка, во вкупен износ од 3,906.69 британски фунти. Таа исто така побара надомест на нематеријална штета за повредата на нејзините чувства. Заради тоа што државата не ѝ обезбедила соодветен домашен правен лек, таа трпела долготрајна кампања на дискриминаторско постапување, за што таа би имала право на износ од 30,000 фунти на домашно ниво.
113. Владата истакна дека бараните износи биле превисоки, со оглед на тоа дека Бритиш ервејз направила преиспитување на политиката за униформи и ја изменила набрзо после жалбата на г-ѓа Eweida, и дека утврдувањето на повреда би претставувало доволно правично задоволување.
114. Судот најде повреда во однос на г-ѓа Eweida, врз основа на тоа дека домашниот закон не воспоставувал правилна рамнотежа помеѓу заптитата на нејзниното право да ја изразува нејзината религија и правата и интересите на другите. Сепак, Судот не смета дека доказите изведени пред него го поддржуваат наводот на г-ѓа Eweida дека претрпела финансиски загуби како последица на таа повреда. Неа не ѝ било дадено одобрение да го носи крстот на видлив начин на 20 септември 2006 година, и одлучила да се врати дома и да остане таму, без да добива плата, додека Бритиш ервејз не ја променила својата позиција во февруари 2007 година. На 23 октомври 2006 неа ѝ била понудена опција за работа на административна работи без униформа, со иста плата како претходно, до завршувањето на жалбената постапка, која понуда таа одбила да ја прифати. Понатаму, Трибуналот за работни односи воочил во неговата пресуда дека постоела согласност помеѓу странките на постапката дека во текот на периодот од септември 2006 до февруари 2007, жалителката имала приходи во износ два пати поголем од загубената заработувачка, дел од кој во вид на подароци и донации, а дел како приходи од други извори. Во овие околности, Судот не смета дека тужената држава треба на г-ѓа Eweida да ѝ исплати надомест за загубена заработувачка. Сепак, Судот смета дека повредата на нејзиното право на изразување на нејзиното верско уверување мора да ѝ предизвикало на г-ѓа Eweida значителна нервоза, фрустрација и болка. Затоа Судот доделува 2,000 евра во однос на нематеријална штета.
...
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ СУДОТ
...
3. Одлучува со пет гласа за и два против дека имало повреда на член 9 од Конвенцијата во однос на првата жалителка и дека не е потребно посебно да ги испита нејзините наводи по член 14 земен во врска со член 9;
4. Одлучува едногласно дека немало повреда на член 9, земен самостојно или во врска со член 14, во однос на втората жалителка;
5. Одлучува со пет гласа за и два против дека немало повреда на член 14 земен во врска со член 9 во однос на третата жалителка:
6. Одлучува едногласно дека немало повреда на член 9, земен самостојно или во врска со член 14, во однос на четвртиот жалител;
7. Одлучува со пет гласа за и два против дека тужената држава треба да ѝ исплати на првата жалителка, во рок од три месец од датумот на кој оваа пресуда ќе стане конечна, во согласност со член 44, став 2 од Конвенцијата, 2,000 ЕУР (две илјади евра), плус секој данок кој може на жалителката да ѝ биде пресметан на тој износ, за нематеријална штета, кои ќе се конвертираат во британски фунти по курсот кој важи на денот на исплата, и дека од истекот на рокот од три месеци споменат погоре до исплата ќе се пресметува камата на горниот износ еднаква на најниската каматна стапка на Европската централна банка плус три процентни поени.
...
9. Го одбива едногласно останатиот дел на барањата на жалителите за правично задоволување.
Изработена на англиски јазик, и доставена во писмена форма на 15 јануари 2013 врз основа на правило 77, став 2 и став 3 од Правилата на Судот.
Lawrence EarlyDavid Thór Björgvinsson
СекретарПретседател
Во согласност со член 45, став 2 од Конвенцијата и правило 74, став 2 од Правилата на Судот, следните издвоени мислења на судиите Bratza и David Thór Björgvinsson и на судиите Vučinić и De Gaetano се приклучени кон оваа пресуда.
DTB
TLE
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски јазик во верзијата на официјален јазик на пресудата која може да се најде во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy