© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2014. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈ ФЕРНАНДЕЗ МАРТИНЕЗ (FERNÁNDEZ MARTÍNEZ) против ШПАНИЈА
(Жалба бр. 56030/07)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
12 јуни 2014
Оваа пресуда е конечна. Може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Френандез Мартинез (Fernández Martínez) против Шпанија,
Европскиот Суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Дин Шпилман (Dean Spielmann), претстедател,
Гвидо Рајмонди (Guido Raimondi) ,
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Изабел Беро-Лефевре (Isabelle Berro-Lefèvre),
Јан Шикута (Ján Šikuta),
Жорж Николау (George Nicolaou),
Андраш Сајо (András Sajó),
Ан Пауер-Форде (Ann Power-Forde),
Исил Каракаш (Isil Karakaş),
Анџелика Нусбергер (Angelika Nußberger),
Андре Поточки (André Potocki),
Пол Леменс (Paul Lemmens),
Хелена Јадерблом (Helena Jäderblom),
Валериу Гритко (Valeriu Griţco),
Фарис Вехабовиќ (Faris Vehabović),
Дмитриј Дедов (Dmitry Dedov), судии,
Алехандро Саиз Арнаиз (Alejandro Saiz Arnaiz), судија ad hoc,
и од Јохан Калеваерт (Johan Callewaert), заменик секретар на Големиот совет,
Расправајќи на затворена седница на 30 јануари 2013 и 2 април 2014 година,
Ја донесе следната пресуда, која беше усвоена на последниов датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалба (бр. 56030/07) против Кралството Шпанија, поднесена од страна на државјанин на оваа држава, Хозе Антонио Фернандез Мартинез („жалителот“), кој се обратил до Судот на 11 декември, 2007 г., согласно со членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“).
1. Жалителот, кому му беше одобрена правна помош, беше застапуван од г-дин. Ј.Л. Мазон Коста (J.L. Mazon Kosta), адвокат во Мурсија. Владата на шпански („Владата“) беше застапувана од страна на нејзините агенти, М.И. Бласко Лозано (M.I. Blasco Lozano), М.Ф. Ирурзун Монторо (M. F. Irurzun Montoro) и од Ф. де А. Санз Гандасегуи (F. de A. Sanz Gandasegui), адвокати на државата.
1. Потпирајќи се на членот 8, земен сам и во комбинација со членот 14, жалителот смета дека не-обновувањето на неговиот договор како наставник по католичка веронаука во државно средно училиште претствувало неоправдано мешање во остварувањето на неговото право на приватен живот. Тој тврдел дека публицитет кој и бил даден на неговата семејна ситуација на оженет свештеник бил причината за не-обновувањето на неговиот договор, а тоа според него било против неговите права на слобода на мисла и на слобода на изразување гарантирани со членовите 9 и 10 од Конвенцијата.
1. На 13 октомври 2009 година, жалбата била доставена до Владата.
1. По оставката на Луис Лопез Гуера (Luis López Guerra), судија избран од Шпанија, владата го назначи Алехандро Саиз Арнаиз (Alejandro Saiz Arnaiz) како судија ад хок (членови 27 § 2 од Конвенцијата, тогаш во сила, и 29 § 1 од Деловникот на Судот).
1. Беше одржано јавно рочиште во Палатата за човекови права, во Стразбур, на 22 ноември 2011 г. (член 59 § 3).
1. На 15 мај 2012 година, судски совет од третиот оддел, составен од Жосе Касадевал (Josep Casadevall), претстедател, Корнелиу Бирсан (Corneliu Bîrsan), Алвина Гјлимијан (Alvina Gyulumyan), Егберт Мијер (Egbert Myjer), Инета Зиемеле (Ineta Ziemele), Михаи Поалелунги (Mihai Poalelungi), судии, Алехандро Саиз Анраниз (Alejandro Saiz Arnaiz), судија ad hoc, како и од Сантиаго Куесада (Santiago Quesada), секретар на оддел, донесе пресуда со која одлучи, со шест гласа против еден, дека имало повреда на членот 8 § 1 од Конвенцијата.
1. На 18 јули 2012 година, жалителот побара упатување на предметот до Големиот судски совет согласно членот 43 од Конвенцијата и на членот 73 од деловникот, тврдејќи дека имало повреда на членот 8 § 1. На 24 септември 2012 година, колегиумот на Големиот судски совет го одобри барањето.
1. Составот на Големиот судски совет беше утврден во согласност со одредбите од членот 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и од членот 24 од деловникот.
1. Жалителот и Владата доставиле писмени забелешки до Големиот судски совет. Забелешки, исто така, биле примени од Шпанската епископска конференција (CEE), Европскиот центар за закон и правда (ECLJ) како и од Катедрата за право на религии на Католичкиот универзитет во Лувен и од American Religious Freedom Program од’Ethics and Public Policy Center, коишто претседателот ги беше овластил да интервенираат во писмената постапка (член 36 § 2 од Конвенцијата и член 44 § 3 од Деловникот).
1. Беше одржано јавно рочиште во Палатата за човекови права, во Стразбур, на 30 јануари 2013 година (член 59 став 3 од Деловникот).
Пред судот се појавија:
– за Владата
Г-дин Ф.А. Санз Гандасегуи (F.A. Sanz Gandasegui), агент,
– за жалителот
Г-динЈ.Л. Мазон Коста (J.L. Mazón Costa),
Г-дин Мартинез Сегадо (Martínez Segado), советници
Жалителот бeеше, исто така, присутен на рочиштето.
Судот ги ислуша г-дата Мазон Коста и Мартинез Сегадо како и г-дин Санз Гандасегуи, во нивните изјави и одговори на прашањата поставени од страна на судиите.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
А. Ситуацијата на жалителот, неговата работа и не-обновувањето на неговиот договор
1. Жалителот е роден во 1937 година и живее во Сиеза (Cieza). Тој е оженет и е татко на пет деца.
1. Тој бил ракоположен за свештеник во 1961 година. Во 1984 година тој побарал од Ватикан ослободување од обврската за целибат. Во тоа време, тој не добил одговор. Следната година тој склучил граѓански брак. Тој добил пет деца со жената која се уште е негова сопруга. Страните не дале детали за неговата ситуација како свештеник кој немал дозвола за ослободување.
1. Од октомври 1991 година, жалителот предавал католичка вероисповест и морал во државно средно училиште во регионот Мурсија, врз основа на договор за работа кјо се обновувал секоја година. Според одредбите од Спогодбата склучена во 1979 помеѓу Шпанија и Светата Столица, „верското образование го предаваат лица кои, секоја учебна година, се назначени од страна на управниот орган меѓу оние предложени од страна на раководителот на диецезата“ (...) Според министерскиот декрет од 1982 година, „ова назначување е со времетраење од една година и автоматски се обновува, освен ако не е поинаку изречено од страна на наведениот раководител на диецезата пред почетокот на школската година, и освен ако администрацијата, заради сериозни академски и дисциплински причини, смета дека е нужно да се поништи назначувањето, во кој случај се сослушува црковната власт (...)“ (став 51 подолу). Покрај тоа, членот VII од спогодбата го предвидува следното: „На сите нивоа на образование, третманот наменет за наставниците по католичка веронаука кои не припаѓаат на државниот наставен кадар се утврдува со договор меѓу централната власт и Шпанската епископска конференција, со цел да може да се примеува веднаш по влегувањето во сила на оваа спогодба"(...)
1. Во ноември 1996 година, весникот La Verdad од Мурсија му посветил на „Движењето за опционален целибат“ на свештениците (MOCEOP) една статија која гласел вака:
„Манастирот од Ла Луз (La Luz) ги спречува свештениците кои се во брак да ги користат неговите објекти за богослужба“
Претставник на диецезата објаснил дека протестниот карактер на собирот можел да го наруши мирот на манастирот.
М. ДЕ ЛА ВИЕХА-МУРСИЈА (М. DE LA VIEJA – MURCIE)
Таткото Франциско Томас (Francisco Tomás), кој раководи со братството на Ла Луз, во Мурсија, им го одби пристапот до манастирот на стотици оженети свештеници кои сакаа таму да држат богослужба и да го поминат денот со своите сопруги и деца. Франциско Томас изјави дека манастирот бил приватен простор за богослужба и дека свештениците не ја побарале потребната дозвола. Тој додаде дека, со оглед на напредната возраст на брат Мануел (осумдесет години), единствениот монах кој живеел во Ла Луз, сметал дека е несоодветно да се одржи собир кој ризикувал да го наруши мирот на манастирот поради публицитет даден на настанот и на протестните цели на „Движењето за опционален целибат“.
Вчера, Франциско Томас, епископски делегат задолжен за културното наследство, одби да им дозволи на членовите на „Двжењето за опционален целибат“ (Moceop) да одржат богослужба во манастирот Ла Луз, во Ел Вале. Отец Томас објасни дека оженетите свештеници не побарале дозвола да ја користат манастирската црква. Покрај тоа, Движењето имало намера максимално да го искористи денот за да одржи информативен состанок за IV-от Меѓународен конгрес на венчани свештеници, што се одржал во Бразилија минатиот јули и чија тема била „Свештениците на третиот милениум“.
Франциско Томас, исто така, објасни дека само еден монах на осумдесет годишна возраст, живеел во манастирот и дека не било пожелно да се наруши неговиот мир со протести кои би го привлекле вниманието на медиумите кон овoj приватен простор за одржување на верски обреди.
Од своја страна, регионалниот координатор на Moceop, Педро Санчез Гонзалез (Pedro Sánchez González) изјавил дека потребното овластување било секако побарано, но дека движењето не добило одговор и дека тој не сметал дека таква дозвола била неопходна за одржување на богослужба во пустиничко место.
Публицитетот даден на овој настан во печатот разубеди многу членови на Движењето да учествуваат на собирот во Ла Луз. Други членови, пак, гледајќи дека портите на манастирот биле затворени, едноставно им мавнаа на нивните колеги од своите автомобили и си заминаа. Само околу десетина секуларизирани свештеници останаа на лице место со нивните семејства за да ја објаснат нивната ситуација на медиумите и на присутните. Некои од нивните деца дури и носеа знаменца. Тие конечно заминаа на ручек заедно, со намера да ја прослават мисата меѓу нив.
Лоренцо Висенте (Lorenzo Vicente), Педро Хернандез Кано (Pedro Hernández Cano), Крисанто Хернандез (Crisanto Hernández) и Хозе Антонио Фернандез (José Antonio Fernández)- поранешен директор на богословијата - се меѓу венчаните свештеници кои се собраа вчера во Ла Луз да се залагаат за опционалниот целибат и за демократска црква, наместо теократска, во која лаиците би учествувале во изборот на нивниот парохиски свештеник и во изборот на нивниот епископ. Според нив, правилото за целибат било создадено од страна на Црквата и не е од божја природа. Засегнатите, исто така, го изразиле своето несогласување за некои економски прашања: „Оние од нас кои платиле придонеси во фондот за меѓусебно осигурување на свештенството, кој подоцна беше интегриран во системот на социјално осигурување, ги изгубија сите свои права враќајќи се на секуларниот живот. Згора на тоа, монахињите се во уште полоша ситуација од свештениците, бидејќи тие го донираат својот имот на заедницата и губат сè “, изјавија тие.“
Написот, исто така, го содржеше исто следниот издвоен врамен текст, под различен наслов:
„Дури ни Папата не мисли дека ќе скапаме во пеколот заради сексуалноста
За прашања како што се абортусот, контролата на раѓање, разводот или сексуалноста, Педро Хернандез Кано и неговите пријатели од Moceop се изјаснија за одговорно татковство.
Тие додадоа дека абортусот е „лична работа и дека не треба да е забранет со закон, но дека е потребна социјална структура за поддршка на жените кои се соочувааат со мајчинство. Да се стигматизира една жена како грешничка затоа што таа забременила надвор од брак само го поттикнува абортусот.“ Венчаните свештеници истакнаа дека контролата на раѓање е јасно неопходна и дека „затоа секој треба да биде слободен да ги избере средствата кои му одговараат најдобро.“
„Сексуалноста е дар од Бога, а не проклетство, па дури ни Папата не мисли дека таа води до проклество. Ако тој тоа го мислеше, немаше да ги стави на чекање 6000-те тековни барања за секуларизација“ заклучија тие.
1. Со рескрипт од 20 август 1997 година, Папата го прифатил барањето за ослободување од целибатот што жалителот го беше поднел тринаесет години претходно, наведувајќи дека засегнатиот бил ослободен од обврската за целибат и ја губел свештеничката „состојба“. Правата поврзани со оваа „состојба“, како и црковните почести и функции (dignitates et officia ecclesiastica ) му биле одземени. Тој не бил повеќе подложен на обврските врзани со свештеничката „состојба“. Рскриптот освен тоа наведувал дека жалителот не можел повеќе да предава католичка веронаука во јавна установа, освен ако тамошниот епископ одлучел поинаку за установа од пониско ниво (in institutis autem studiorum gradus inferioris), „според неговата внимателна проценка [prudenti iudicio] и под услов да немало скандал [remoto scandalo]“. Папското писмо му било доставено на жалителот на 15 септември 1997 година.
1. На 29 септември 1997 година, нота од епископот на Картагена го информирала Министерството за образование за прекинувањето на наставничките функции на жалителот во образовната установа каде што работел.
1. На 9 октомври 1997 година, министерот го информирал барателот дека престанокот на неговиот работен однос влегол на сила 29 септември 1997 година.
1. Подоцна, во службена нота од 11 ноември 1997 година, епископијата потсетила на следново:
„Жалителот, секуларизиран свештеник, држел часови по католичка веронаука и морал (...) согласно овластувањата доделени на епископите со рескриптите (...)
Овие овластувања (...) можат да се користат за наставните предмети поврзани со католичката религија, под услов дека не постои „опасност од скандал“.
Кога ситуацијата на жалителот станала јавна и ноторна, не било веќе веќе можно за епископот од диецезата да ги врши овластувањата кои му биле доделени со рескриптот; оттука, документот кој го овластувал жалителот да предава католичка веронаука и морал не бил потпишан, а тоа повлекло последици уште истата тековна учебна година. Личната и професионална ситуација на жалителот, исто така била земена во предвид, бидејќи засегнатиот ќе има право на надоместоци за невработеност во текот на најмалку една година и половина.
Епископијата од Картагена жали заради оваа ситуација, но таа истакнува дека одлуката била донесена исто така водејќи сметка за чувствата на многу родители кои би можеле да бидат вознемирени дознавајќи за ситувацијата на жалителот, кој предава католичка веронаука и морал во училишна установа.
Конечно, епископијата се надева дека христијанскиот народ и општеството во целина ќе разберат дека околностите на настаните во прашање не можат да се проценат само од професионална гледна точка. За Католичката црква, светата тајна на свештеничкиот ред e од таква природа што ја надминува строго професионалната рамка."
1. Директорот на средното училиште каде жалителот предавал му испратил на епископот на Мурсија нота во која Наставничкиот совет на установата ја наведувал својата поддршка за засегнатиот и изјавувал дека тој ги држел предавањата во текот на учебната година 1996-1997 на целосно задоволство на наставниците, учениците и на нивните родители, како и на училишната дирекција.
1. Во прво време, жалителот живеел од надоместоците за невработеност. Во 1999 година, тој нашол работа во музеј, каде што работел се до неговото пензионирање во 2003 година.
Б. Судската постапка
1. Откако се обидел да ја оспори неуспешно, на административно ниво, министерската одлука за прекин на неговата работа, жалителот поднел приговор против оваа мерка пред управен суд. Тој бил отпуштен на 30 јуни 2000 година, со образложение дека одлуката да се формализира престанокот на неговиот работен однос била „единствената опција која им била на располагање на управните органи“ по одлуката на епископијата да не го предложи неговото назначување.
1. Жалителот потоа отпочнал постапка за неправедно отпуштање од работа пред трудовиот судија бр. 3 од Мурсија. Тој донел пресуда на 28 септември 2000 година.
1. Судијата започнал со разгледување на фактите онака како што тие биле утврдени и забележал дека жалителот имал неколку функции во рамките на Католичката црква, како на пример онаа на директор на богословијата на Мурсија и онаа на епископски викар на регионот Сиеза (Cieza) и Јекла (Yecla). Тој понатаму укажал дека засегнатиот бил член на MOCEOP.
1. Судијата потоа потсетил на аргументите на кои се повикал епископот за да го оправда не-обновувањето на договорот на жалителот, имено, фактот дека тој ја обелоденил во јавност својата ситуација на „оженет свештеник“ (со тоа што засегнатиот го добил своето ослободување од страна на Ватикан само во 1997) и на татко, во комбинација со неопходноста да се избегне скандал и да се води сметка за чувствата на родителите на средношколците, кои можеле да бидат повредени доколку жалителот продолжел да држи часови по католичка веронаука и морал. Во оваа смисла, Судот се искажал на следниов начин:
„(...) Од изложените факти произлегува дека г-дин Фернандез Мартинез претрпел дискриминација поради неговата брачна состојба и неговото членство во Движењето за опционален целибат, при што неговото појавување во печатот било причина за неговото отпуштање.“
1. Судијата додал дека:
„Принципот на недискриминација на работното место ја вклучува забраната на дискриминацијата врз основа на синдикално членство и активност, а тоа се однесува и на членството во кое и да е друго здружение.“
1. Конечно, судијата истакнал дека ситуацијата на „оженет свештеник“ и татко на жалителот им била познат на учениците, нивните родители и директорите на двете образовни установи, каде што тој работел.
1. Соодветно на тоа, судијата ја усвоил жалбата на жалителот, го поништил она што тој го окарактеризирал како разрешување и му наредил на регионот Мурсија да го врати засегнатиот на неговата поранешна позиција и на државата да му ги плати заостанатите плати. Тој го отфрлил жалбениот навод на жалителот против епископијата на Картагена.
1. Министерството за образование, Одделот за образование од регионот на Мурсија и епископијата на Картагена ја обжалиле пресудата (suplicación). Со пресуда од 26 февруари 2001 година, Високиот суд на правдата од Мурсија ја усвоил жалбата, во која се наведува следново:
"(...) Наставата по католичка веронаука и морал е дел од доктрината на католичката религија (...) Оттука, воспоставената врска меѓу наставникот и епископот се базира на доверба. Затоа, не се работи за неутрален правен однос, како оној што постои меѓу граѓаните општо и јавните власти. Треба да стави оваа врска на границата меѓу чисто црковната димензија и почетокот на работниот однос. “
1. Од друга страна, Судот се повикал на прерогативите на епископот за ова прашање и се сметал дека немало во овој случај повреда на членовите 14 (забрана за дискриминација), 18 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) и 20 (слобода на изразување) од шпанскиот устав, со оглед на тоа што жалителот држел часови по веронаука од 1991 година, и што епископот му го обновувал секоја година договорот за работа, а неговата лична состојба била идентична. Судот заклучува дека, кога жалителот одлучил да ја обзнани таа ситуација, епископот само се ограничил на тоа да ги употреби своите овластувања кои произлегувале од кодексот на канононско право, односно, да се осигура дека засегнатиот, како и секое лице во истата ситуација, ги извршува своите функции дискретно, избегнувајќи неговиот личен статус да предизвика скандал. Според судот, во случај на публицитет епископот бил должен повеќе да не го предлага засегнатото лице за слична позиција, во согласност со барањата предвидени во рескриптот за ослободување од целибатот.
1. Покрај тоа, што се однесува особено на членот 20 од Уставот, судот забележал дека, во поглед на членот 10 § 2 од Европската конвенција за човекови права, ограничувања на правата на жалителот требало да се сметаат за легитимни и пропорционални со бараната цел, имено избегнување на скандал.
1. Покрај тоа, судот го анализирал прашањето за односот на доверба и заклучил вака:
„(...) Кога овој однос на доверба е прекинат - а во сегашниот случај некои околности разумно дозволуваат да се верува дека токму тоа и се случило - епископот не е веќе должен да го предлага засегнатиот за наставничкото место по католичка веронаука. "
1. Конечно, во врска со природата на договорот, Судот сметал дека, во онаа мера во која неговото обновување било предмет на годишно одобрување од страна на епископот за следната учебна година, станувало збор за привремен договор, кој во овој случај едноставно завршил. Оттука, не било можно да се смета дека жалителот бил разрешен.
1. Повикувајќи се на членовите 14 (забрана за дискриминација), 16 (слобода на религијата и мислата), 18 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) и 20 (слобода на изразување) од Уставот, жалителот поднел жалба amparo пред Уставниот суд. Тој навел особено дека одлуката да не му се обнови договорот заради тоа што тој го обелоденил во јавност неговото членство во MOCEOP и неговото дисидентско мислење за целибатот на католичките свештеници претставувало неоправдано вмешување во неговиот приватен живот и било неспојливо со неговото право на верска слобода.
1. Со одлука од 30 јануари 2003 година, судскиот совет на кој случајот му бил доделен ја прогласил жалбата amparo за недопуштена, а во согласност со членовите 50 до 52 од органскиот закон за Уставниот суд, ги известил странките за одлуката и побарал копија од предметот од судовите a quo.
1. За време на неговата задолжителна интервенција во Уставниот суд, јавното обвинителство (Ministerio Fiscal) се изјаснило во корист на одлука да се усвои жалбата amparo на жалителот. Во овој поглед, тој ги критикувал причините наведени од страна на Високиот суд на правдата, кој сметал дека не-обновувањето на договорот било оправдано со оглед на тоа дека засегнатиот постапил спротивно на рескриптот на ослободување кога се согласил да ја обелодени во јавност неговата семејна ситуација. Јавното обвинителство така истакнало дека јавниот настап на жалителот на митингот се случил доста пред да му биде доделено ослободувањето од целибатот и, според тоа, пред постоењето на споменатиот рескрипт. Тоа, исто така, потсетило дека членството на засегнатиот во спорното движење им било познато на црковните власти. Тоа утврдило дека, во онаа мера во која однесувањето на жалителот кое довело до не-обновување на неговите функции - имено неговото учество во манифестација организирана од движењето - се однесувало на слободата на мислата на засегнатиот, разрешувањето претставувало повреда на неговото право на еднаквост (член 14 од Уставот), во комбинација со неговото право на слобода на мислата (член 16 од Уставот).
1. Во пресуда од 4 јуни 2007 година и објавена на 18 јуни 2007 година, Високиот суд ја одбил жалбата amparo.
1. Уставниот суд ги испитал најпрво наводните повреди на членовите 14 (право на еднаквост) и 18 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Уставот и ги отфрлил овие жалбени наводи, првиот врз основа на тоа дека одлуката да не се предложи назначувањето на жалителот како наставник не се засновала на никаква намера тој да се дискриминира врз основа на неговиот брачен статус, а вториот врз основа на тоа дека засегнатиот бил оној кој, доброволно, ги обзнанил својата лична и семејна ситуација како и неговото членство во MOCEOP.
1. Високиот суд потоа го разгледал она што го сметал како централно прашање поставено од страна на жалбата amparo, имено, наводната повреда на членовите 16 и 20 од Уставот. Тој испитал дали спорните факти можеле да се оправдаат со верската слобода на Католичката црква (член 16 § 1 од Уставот) во комбинација со обврската за верска неутралност на државата (член 16 § 3 од Уставот) или дали, напротив, тие претставувале повреда на правото на жалителот на слобода на мислата и религијата (Член 16 § 1 од Уставот) во комбинација со правото на слобода на изразување (член 20 § 1) на Уставот). За да го стори тоа, Судот се засновал на критериумите утврдени во неговата пресуда бр.38/2007 од 15 февруари 2007 за уставноста на системот на селекција и вработување на наставници по католичка веронаука во јавните образовни установи. Тој инсистирал во овој поглед на специјалниот статус на наставниците по веронаука во Шпанија, статус кој, според него,го оправдувал фактот што изборот на таквите наставници ги земал предвид нивните верски убедувања.
1. Во однос на ова, Уставниот суд го дал да следново објаснување:
„(...) Задачата на Уставниот суд во овој случај се состои, како и во другите случаи кои се однесуваат на конфликт меѓу основните права од материјална природа, од тоа да се утврди дали судовите [a quo] ги извагале конкурентните интереси на начин кој ја одразува уставната дефиниција на тие права (...) Притоа, судот не е врзан со испитувањето што овие судови веќе го направиле. Со други зборови, тој не се ограничува на надворешно испитување на доволноста и конзистентноста на причините за одлуката или одлуките во прашање (...); како врховен гарант на основните права, тој мора да реши кој и да е евентуален конфликт помеѓу засегнатите права и да одреди дали имало повреда на овие права, во светлината на нивната уставна содржина. За таа цел, потребно е сепак да се применуваат други критериуми од оние користени од страна на судовите [a quo], бидејќи нивното расудување не го врзува овој суд и не ја ограничува неговата надлежност на едноставна контрола на причините за нивните одлуки (...) “
1. Осврнувајќи се на фактите на случајот, високиот суд забележал најпрво дека не-обновувањето на договорот било мотивирано од една статија објавена во регионален весник, која предизвикала скандал според аргументите презентирани од страна на епископијата од Картагена во нејзината службена белешка од 11 ноември, 1997 година. Оваа статија обелоденила две лични карактеристики на жалителот кои биле веќе познати на епископијата, имено, од една страна, неговата семејна состојба на оженет свештеник и татко и, од друга страна, неговото членство во движење кое оспорувало некои принципи на Католичката црква. Овој публицитет ја сочинувал фактичката основа на она што епископот, во својата белешка, го оценил како скандал.
1. Забележувајќи дека Високиот суд на правдата спровел ефективна контрола на одлуката на епископот, особено во однос на неможноста за него да предложи кандидати без професионалните квалификации кои се потребни за работното место и во однос на обврската да се почитуваат основните човекови права и граѓански слободи, Уставниот суд го изјавил следното:
„Долгите извадоци од оспорената одлука покажуваат дека Високиот суд на правдата не ја отфрлил можноста за судска контрола на одлуката на црковната власт и дека тој без двоумење ги избалансирал конфликтните основни човекови права во овој конкретен случај и правото на верска слобода (член 16 § 1 од Уставот), при што истото го извршил на недвосмислен начин.“
1. Уставниот суд потоа самиот ги избалансирал конкурентните основни права:
„Откако го испитал балансирањето на правата кое било извршено во спорната одлука, Судот сега мора да ги оцени, надвор од образложението на пресудата, заклучоците наведени во неа по евалуацијата на конкурентните основни права. Притоа, Судот мора да ги разгледа не само правата наведени во пресудата, но, исто така, правото на слобода на мислата и на вероисповеста, точка што тој автоматски им ја доставува на страните (.. .)
Одлуката на епископијата не да го предложи засегнатиот како наставник по Католичка вероисповест и морал била мотивирана од дејствувањата и убедувањата на истиот, односно со тоа што тој ги обелоденил во јавноста, од една страна, неговата ситуација на оженет свештеник и татко на пет деца и, од друга страна, неговото членство во Движењето за опционален процелибат (како што тоа е наведено од страна на судските одлуки a quo и како што тоа изричито го признава самиот автор на жалбата amparo). Јасно е дека од (секуларна) гледна точка на државата, овие дејствија и убедувања треба да се разгледуваат низ призмата на можната повреда на правото на слобода на мислата и религијата (Член 16 § 1 од Уставот) во комбинација со правото на слобода на изразување (член 20 § 1) од Уставот), на кои се повикува жалбата amparo.
За да се реши ова прашање, треба да се има на ум дека ниту едно право, дури ни основно право, не е апсолутно или неограничено. Во некои случаи, уставната одредба која признава некое право експлицитно него го ограничува; во други случаи, ограничувањето произлегува од потребата да се зачуваат други права или уставни вредности кои оттука ја оправдуваат заштитата. Во оваа смисла, Уставниот суд во неколку наврати изјави дека основните права признати со Уставот може да се потчинат само на ограничувањата изречно предвидени во самиот Устав , или на оние за кои може индиректно да се изведе од Уставот дека тие се оправдани со зачувувањето на други права или вредности кои се заштитени со закон. Како и да е, наметнатите ограничувања не можат да го попречат на неразумен начин остварувањето на основното право во прашање (видете ги пресудите на Уставниот суд бр. 11/1981 од 8 април 1981 година, правна основа 7; бр. 2/1982 од 29 јануари 1982 година, правна основа 5; бр. 53/1986 од 5 мај 1986 година, правна основа 3; бр.49/1995 од 19 јуни 1995 година, правна основа; бр. 154/2002 од 18 јули 2002 година, правна основа; бр.14/2003 од 28 јануари 2003 година, правна основа 5, и бр. 336/2005 од 20 декември 2005 година, правна основа 7).
Во овој случај, повредата на правото на барателот на верска слобода, во својата индивидуална димензија, како и на правото на слобода на мислата (член 16 § 1 од Уставот), во комбинација со правото на слобода на изразување (член 20 § 1) од Уставот), повреда која произлегува од фактот дека епископијата не го предложила назначувањето на засегнатиот како наставник по Католичка веронаука за учебната 1997-1998 година - кога барателот сакал да продолжи да го предава кредото на одредена религија во јавна образовна институција - не била ниту непропорционална ниту неуставна, бидејќи била оправдана со должната почит кон законското остварување на основното право на Католичката црква на верска слобода во својата колективна или комунитарна димензија (член 16 § 1 од Уставот), во комбинација со правото на родителите да изберат верско образование за своите деца (член 27 § 3 од Уставот). Причините за одлуката да не се предложи барателот како наставник по Католичка вероисповест и морал биле исклучиво од религиозна природа и биле поврзани со правилата на вероисповеста на која засегнатиот самиот слободно избрал да и пристапи и чии принципи имал намера да ги предава во јавна образовна установа.“
1. Уставниот суд упатил на неговата пресуда бр. 38/2007 од 15 февруари 2007 година и го забележал следново:
„Како што овој суд тоа го наведе во пресудата бр. 38/2007 од 15 февруари 2007 година и потсети во точката 5 на правната основа на оваа пресуда, „би било едноставно неразумно, во однос на верското образование во образовните установи, да не се земат во предвид при постапката на избор, како гаранција на правото на верска слобода во нејзината надворешна и колективна димензија, верските убедувања на луѓето кои слободно одлучуваат да се кандидираат за овие наставнички работни места“(...)
Треба секако да се потсети, во врска со оправданоста и уставноста на повредата или на ограничувањето на основното права на жалителот на слобода на религија и мисла (член 16 § 1 од Уставот), во комбинација со правото на слобода на изразување (член 20 § 1) од Уставот), дека, како што овој суд тоа го наведе во пресудата бр. 38/2007 од 15 февруари 2007 година, „односот меѓу наставниците по веронаука и Црквата не е сосема иста како онаа што постои во организации кои имаат идеолошки цели, разгледувани во повеќе наврати од страна на овој суд ; првата претставува специфична и посебна категорија која, и покрај некои сличности со втората, исто така е различна во дадени аспекти.“ Во оваа смисла, судот наведе во истата пресуда - повикувајќи се на еден од факторите кои го разликуваат односот меѓу наставниците по веронаука и Црквата од односот во рамките на организација која има идеолошки цели, и кои овозможуваат да се менуваат правата на наставниците според образовната етика на приватните училишта - дека обврската наметната од страна на потврда за црковна способност „не се состои само од обврска за воздржување од секакво постапување спротивно на религиската етика, туку, подлабоко, се однесува на оценувањето на способноста на поединецот да ја предава католичката доктрина, сфатена како збир на религиозни убедувања засновани на верата. Фактот дека веронауката го има за предмет пренесувањето не само на специфични знаења, но исто така и на верата на оној кој предава, секако вклучува збир на барања кои ги надминуваат границите на една организација со идеолошки цели, почнувајќи со имплицитната обврска за лицето кое сака да ја пренесе верата да ја проповеда самото таа вера (...)“
1. Конечно, Уставниот суд се надвиснал над аргумент покренат од страна на жалителот, односно дека тој повикал на реформа на правилата на самата католичката религија. Тој заклучил вака:
„Во овој случај, резултат на одмерувањето на конкурентните човековите права - од една страна, основното право на Католичката црква на верската слобода во својата колективна или комунитарна димензија (член 16 § 1 од Уставот) во комбинација со должноста за верска неутралност на државата (член 16 § 3 од Уставот), и од друга, на основното право на барателот на слобода на мислата и религијата (член 16 § 1 од Уставот ), во комбинација со правото на слобода на изразување (член 20 § 1) од Уставот) - не е на кој и да е начин изменет од аргументот на жалителот според кој неговите реформистички ставови за целибатот на католичките свештеници се стремат да се залагаат за еволуција на правилата на католичката религија кои ги смета за застарени. Како што тоа го наведе правниот советник на владата во своите забелешки, обврската за верска неутралност (член 16 § 3 од Уставот) и забранува на државата да се меша во, или да разрешува, евентуални конфликти во самата Црква, во овој случај меѓу поддржувачите и критичарите на свештеничкиот целибат. Поопшто видено, не спаѓа во надлежност на нашата јурисдикција да одлучува за соодветноста или компатибилноста на дејствата, мислењата и однесувањата на лицата назначени да предаваат одредена религија со ортодоксијата на вероисповеста во прашање. Како државен орган извршител на јавните овластувања, судот мора да се ограничи во рамките на оваа жалба amparo, во согласност со својата обврска за неутралност, да одлучува за стриктно религиозниот карактер на причините наведени од страна на верскиот орган во поткрепа на својата одлука да не го предложи засегнатиот како професор по Католичка веронаука и морал. Судот смета, меѓу другото, дека основните права на жалителот на слобода на мислата и религијата како и на слободата на изразување, во чиј делокруг можат во принцип да спаѓаат делата, мислењата и изборот на засегнатиот, биле повредени и ограничени само во онаа мера која е стриктно неопходна за да се обезбеди нивната компатибилност со верската слобода на Католичката црква. Оттука, потребно е да се отфрли жалбата amparo. "
1. Двајца судии приложиле издвоено мислење што се однесува на пресудата донесена од мнозинството. Тие сметеле дека балансирањето на правата извршено од страна на Уставниот суд се ограничило на евоцирање на верските причини наведени во одлуката повеќе да не се вработува жалителот. За нив, публицитетот даден на едно однесување кое било претходно познато не можело да го оправда не-обновувањето на договорот.
1. Понатаму, жалителот побарал поништување на пресудата на Уставниот суд, врз основа на тоа дека двајца од судиите на советот кој ја донел пресудата биле познати по нивните афинитети со Католичката црква, еден од нив како член на Меѓународниот секретаријат на Католичките правници.
1. Со одлука од 23 јули 2007 година, Уставниот суд го одбил барањето за поништување, врз основа на тоа дека членот 93 § 1 од органскиот закон за Уставен суд наведува дека единствен можен правен лек против пресуда на високиот суд било барање за појаснување.
(...)
ПРАВО
I. ЗА НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
1. Жалителот се жали на не-обновување на неговиот договор за вработување. Тој смета дека се работи за напад врз неговиот приватен и семеен живот и се повикува на членот 8 од Конвенцијата, кој предвидува:
„Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2. Нема да постои никаво мешање од страна на јавната власт при остварувањето на ова право, освен во согласност со законот и доколку е тоа неопходно во едно демократско општество за заштита на националната безбедност, јавната сигурност или економската благосостојба во земјата, за спречување на немири или извршување на кривично дело, за заштита на здравјето и моралот, или за заштита на правата и слободите на другите. "
A. Заклучоците на судскиот совет
1. Во неговата пресуда од 15 мај 2012 година, судскиот совет истакнал дека во шпанскиот закон поимот за автономија на верските заедници е надополнет со начелото за верска неутралност на државата, признато со Уставот, кој и забранува на истата да се произнесува за прашања како свештеничкиот целибат. Тој, сепак признал, дека оваа обврска за неутралност не е неограничена: пресудата на Уставниот суд изречена во овој случај потврдила дека ова барање не им ја одземала на судовите можноста за контрола на одлуката на епископот за да се обезбеди почитување на основните права и граѓански слободи; сепак, тој додал дека дефиницијата на верските или моралните критериуми во основа на не-обновување на договор припаѓале исклучиво на верскиот орган и, конечно, дека домашните судови можеле да ги одмерат оновните спротиставени човекови права и да видат дали други причини освен оние од строго религиозна природа интервенирале во одлуката да не му се обнови договот на кандидатот, со оглед на тоа дека само верските причини се заштитени со начелото на верска слобода.
1. Советот утврдил дека жалителот имал можност да се обрати до Трудовиот суд и потоа до Високиот суд на правдата на Мурсија и, во последна инстанца, до Уставниот суд преку жалба amparo. Тој додал дека ослободувањето од целибат кое му било доделено на засегнатиот појаснувало дека корисниците на таква мерка не можеле да ја предаваат католичката церонаука во јавните установи, освен ако имале дозвола од страна на епископот.
1. Советот сметал дека околностите што го мотивирале не-обновувањето на договорот на жалителот биле од строго религиозна природа и дека барањата на начелата на верска слобода и неутралност го спречувале да оди подалеку во испитувањето на потребата и пропорционалноста на одлуката да не се обнови договорот за вработување како наставник на засегнатиот.
1. Во заклучок, судскиот совет смета дека надлежните судови овозможиле соодветно балансирање помеѓу повеќе приватни интереси и дека немало повреда на членот 8 од Конвенцијата.
Б. Тезите на страните и забелешките на третите страни
1. Жалителот
1. За жалителот, пресудата на советот го жртвувала неговото право на приватен и семеен живот во корист на едно ново апсолутно право на Католичката црква, односно она да разрешува слободно заради тривијални или безначајни причини. Така, засегнатиот се повикува низ своите забелешки на неговото „разрешување“, а не на не-обновувањето на неговиот договор.
1. Тој се повикува на судската пракса на Судот која произлегува од случајот Hassan et Tchaouch c. Bulgarie ([GC], бр. 30985/96, § 60, ЕСЧП 2000‑XI), согласно која, според него, правото на верска слобода не заштитува кое и да е дело мотивирано или инспирирано од верата или од убедување. Тој смета дека во овој случај одлуката за не-обновување донесена како последица на публицитетот даден на неговата ситуација била јасно несразмерна.
1. Жалителот исто така тврди дека пресудата на судскиот совет не води сметка за фактот дека државата е онаа која ја плаќала неговата плата, кое според него требало да даде поголема тежина на неговите основни права, како правото на почитување на приватниот живот.
1. Жалителот додава дека овој елемент овозможува да се разликува оваа жалба од случаи што биле претходно разгледувани од Судот, како што се Obst c. Allemagne (бр. 425/03, 23 септември 2010), Schüth c. Allemagne (бр. 1620/03, ЕСЧП 2010), или уште Siebenhaar c. Allemagne (бр. 18136/02, 3 февруари 2011). Така, според него, во германските случаи вработувањето на персонал од страна на верските заедници било спроведено директно од црквите или самите религиозни организации, без интервенција на јавната администрација во постапката на вработување; понатаму, според засегнатиот, администрацијата не била онаа која била задолжена за платите на вработените, за разлика од ситуацијата во овој случај.
1. Жалителот наведува дека аргументот на „скандалот“ на кој се повикува епископијата се потпирал на објавувањето во печатот на фотографија што го покажувала со неговото семејство. Во оваа смисла, тој тврди дека тој никогаш не зборувал против постулатите на Црквата, вклучувајќи го и свештеничкиот целибат, за време на часовите по веронаука што ги држел. Тој ја споменува нотата за поддршка од директорот на гимназијата каде што тој предавал.
1. Жалителот наведува дека, иако тој не дал изјава за медиумите, му биле придадени коментари кои ја критикувале политиката на Црквата. Коментарите во прашање всушност потекнувале од други членови на „Движењето за опционален целибат“ на свештениците присутни на местото на настанот.
1. Во однос на оваа точка, тој тврди дека ставовите 84 и 86 од пресудата на советот вовеле нова причина за не-обновување на неговиот договор, имено критиките кои тој наводно ги искажал, додека нотата од епископот го споменувала само публицитетот даден на неговата лична ситуација.
1. Со оглед на погоре наведеното, жалителот семат дека во својата пресуда судскиот совет ги изменил декларираните факти утврдени од страна на трудовиот суд од Мурсија - кој оценил дека причината за не-обновувањето бил „скандалот“ - и ги усвоил заклучоците од пресудата на Уставниот суд.
2. Владата
1. Владата наведува дека е од суштинско значење да се реши централното прашање, односно да се одреди кои факти ја мотивирале одлуката на епископијата на Картагена да не го обнови сертификатот за способноста на жалителот да предава католичка веронаука. Таа тврди дека не-обновувањето се должи на настаните предизвикани од самиот засегнат, кога, според Владата, тој доброволно им ја открил на медиумите неговата ситуација на оженет свештеник и неговото членство во Движењето за опционален целибат на свештениците, како и неговите спротиставени ставови со ставот на Католичката црква за различни теми. Овие јавни изјави го прекратиле односот на доверба, од суштинско значење, меѓу Црквата и жалителот.
1. Владата генерално се согласува со пристапот на советот што се однесува на одредбата на Конвенцијата релевантна во овој случај и цени дека заклучокот ќе бил ист ако случајот бил разгледуван во однос на членот 9.
1. Таа понатаму смета дека, како што е наведено во ставот 78 на пресудата на советот, овој случај треба да се разгледа во светлината на позитивните обврски на државата (во светлината на случајот Rommelfanger c. Allemagne, бр. 12242/86, одлука на Комисијата од 6 септември 1989, Décisions et rapports 62). Според него, државата ги исполнила своите обврски во овој случај.
1. Владата тврди дека во времето на фактите, министерската одлука од 11 октомври 1982 година се применувала, надополнувајќи ја Спогодбата од 1979 г. меѓу Шпанија и Светата Столица.
1. Таа додава дека во тоа време наставниците по веронаука биле плаќани директно од страна на Католичката црква, на која државата и ги исплаќала потребните средства во облик на субвенции. Таа појаснува дека, иако, според неа, правниот статус на вероучителите еволуирал и дека платите на овие сега се плаќаат директно од страна на администрацијата, еден клучен елемент не се променил, имено нужноста да се добие потврдата за способност, што го издава Црквата, без кој наставникот нема да може, според Владата, да го добие работното место. Таа смета дека се работи за едноставен аспект на начинот на кој државата ја финансира наставата по различните веронауки во Шпанија, и дека освен тоа државата располага со широк простор за слободна проценка во врска со организацијата на својот образовен систем.
1. Така, Владата смета дека, дури иако одлуката да не се обнови договорот во овој случај била донесена од страна на администрацијата, таа претставувала „задолжителен чин“. Така, според неа, администрацијата не можела да игнорира дека еден од условите потребни за обновувањето на договорот не бил исполнет, имено, требало да се биде предложен и прогласен за способен од страна на Католичката Црква. Оттука, одлуката на администрацијата била чиста формалност.
1. Потврдата за способност не се ограничува на утврдување на техничките компетенции на кандидатот. Така, според канонот 804 § 2 од Кодексот на канонското право, професионалната квалификација на наставниците по вероисповест се базира на нивната моралност, на примерноста на нивниот христијански живот и на нивните наставни вештини. Ова покажува дека односот на доверба помеѓу Црквата и наставникот, опишан од страна на владата како „правно-канонска врска“ е од суштинско значење. Во овој случај, овој однос на доверба бил нарушен заради изјавите на жалителот.
1. Меѓутоа, овој однос на доверба не исклучува секаква судска контрола на одлуката на Црквата, ниту пак балансирање на основните конкурентни права.
1. Така, според владата, откако ќе ја провери во даден случај исклучиво верската природа на причината за не-обновувањето на договорот, судскиот орган треба да ги избалансира основните права кои се во конфликт.
1. Владата тврди дека во овој случај спорните причини биле од строго верска природа и се однесувале на обврската за лојалност и на конзистентност што жалителот требало да ја исполни во работата што тој слободно ја избрал и која, освен тоа, се разликува од наставата по друг предмет, како што е историја или математика. Затоа, владата бара од Судот да го има во предвид тоа дека обврската на лојалност во овој случај е поизразена од онаа што постои во случаите кои се однесуваат на органист на парохија (Schüth, претходно наведен), на човек кој се грижи за децата во верско училиште (Siebenhaar, претходно наведен), или директор за односи со јавност на црква (Obst, претходно наведен).
1. За владата, не станува збор за тоа дали спорните изјави биле легитимни и можеле да се изразат во јавност. Она за што станува збор, според неа, е да се види до кој степен една верска организација е должна да назначи или да продолжи да ангажира како професор по религија лице кое јавно изложило идеи во спротивност со верското учење. Изјавите во прашање сигурно спаѓале во оспегот на правото на жалителот на слободата на изразување, но тие сепак биле спротивни со учењето на Црквата и условите потребни за канонската способност на нејзините наставници.
1. Владата потоа се навраќа на правната ситуација на жалителот во однос на Католичката црква: ослободувањето од целибатот имало за последица да ја ограничи можноста за предавање на католичката веронаука и да му го додели на епископот овластувањето сепак да ја дозволи оваа активност под услов да немало опасност од скандал. Соодветно на тоа, епископот само ги извршил своите прерогативи.
1. Покрај тоа, за владата, жалителот имал можност да ги презентира своите аргументи пред различни судски инстанци, кои ја испитале законитоста на спорната мерка во светлината на трудовото право, земајќи ги во предвид црковните закони и кои ги избалансирале конкурентните интереси на жалителот и на Црквата и на тој начин ја испочитувале доктрината на Судот.
1. Конечно, наставниците по веронаука се вработувани според критериуми кои суштински се разликуваат од критериумите што се применуваат на наставниците за наставата по други предмети: последниве требало да положат отворен и јавен конкурс, додека наставниците по веронаука се назначени од страна на Католичката црква која слободно ги избира и ги предлага на надлежниот граѓански орган доколку тие се оценети како квалификувани за настава по веронаука.
3. Tретите страни- вмешувачи
а) Шпанската Eпископска Конференција (Conferencia Episcopal Española – CEE)
1. Во своите забелешки, CEE смета дека обврската за наставниците по веронаука да имаат црковна потврда за способност и можноста за црковната власт да го повлече или укине ова одобрение заради морални или религиозни причини соодветствува на самата природа на работното место и на правото на родителите и на учениците на добро пренедување на католичкото учење и вредности
1. CEE го привлекува вниманието на специфичниот систем на вработување на наставниците по веронаука во Шпанија, кој се разликува од системот кој се применува на другите наставници. Наставниците по веронаука и се предложени на јавната администрација од страна на различните вероисповести, откако биле избрани меѓу лицата кои имаат диплома која се смета за еквивалентна на онаа на другите наставници што се регрутирани од администрација. По општиот предлог што го даваат засегнатите вероисповести, наставниците по веронаука, така, се назначени од страна на администрацијата.
1. Оваа специфичност е објективно и разумно оправдана и е пропорционална на целите што законодавецот сака да ги постигне, имено неутралноста на државата, правото на родителите да ги воспитуваат своите деца и самостојноста на вероисповестите во вработувањето на нивниот наставнички персонал. Во овој случај, не-обновувањето на договорот не било врзано со статусот на оженет свештеник, но, според страната вмешувач, со фактот дека тој јавно делувал против Црквата.
б) Европскиот центар за закон и правда (ECLJ)
1. ECLJ уште на почетокот инсистира на важноста за него на принципот на институционална автономија на верските заедници, кој е во согласност со почитувањето на обврската за неутралност и непристрасност на државата. За него, не е толку важно што се изедначува статусот на наставниците по веронаука со оној на службеници или на вработени со договор на дело, штом тоа не менува ништо во религиозната природа на нивните работни места. Она што е клучно е можноста за контрола од страна на граѓанските судови, која треба да биде поголема или помала, зависно од тоа дали причината за одлуката за не-обновување е од исклучиво верска природа или не.
1. ECLJ го наведува поимот на обврската за зголемена лојалност, која е призната во меѓународното и европското право, како што за тоа сведочи Директивата 2000/78 /ЕК, Конвенцијата бр.111 на Меѓународната организација на трудот за дискриминација при вработување и занимање, насоките за преглед на законодавството за религија или верско уверување, донесени од страна на ОБСЕ / ОДИХР и Венецијанската комисија, или уште активностите на Комитетот за човекови права на Обединетите нации (Ross c. Canada, комуникација бр. 736/1997). Оваа обврска за лојалност се заснова на покажувањето на личната волја на вработениот кој се согласува да се откаже од вршењето на одредени гарантирани права.
в) Катедрата за право на религии на Католичкиот универзитет на Лувен и American Religious Freedom Program на Ethics and Public Policy Center
1. Овој вмешувач тврди дека принципот на автономија на верските заедници е широко признат во меѓународното право. Тој се повикува особено на членот 18 од Универзалната декларација за човекови права. Од друга страна, тој исто така тврди дека правото да се изберат „верските водачи, свештеници и наставници“ било експлицитно признато од страна на Комитетот за човекови права на Обединетите нации како гаранција на автономијата на верска заедница кога таа е соочена со наставник кој не ги почитува нејзините верски барања (Delgado Páez c. Colombie, комуникација бр. 195/1985, во врска со наставник по веронаука во едно средно училиште во Колумбија).
1. Покрај тоа, вмешувачот ја наведува пресудата Hosanna-Tabor Evangelical Lutheran Church and School v.. Equal Employment Opportunity Commission et al, на Врховниот суд на САД од 11 јануари, 2012 година, која за прв пат експлицитно го признала „пасторскиот исклучок“, доктрина според која правилата кои инаку се применуваат и кои ја забрануваат дискриминацијата при вработување не се однесуваат на „пасторскиот персонал“ (категорија вклучувајќи ги и наставниците по веронаука).
В. Оценка на Судот
1. За наводната промена на фактите направена од страна на Уставниот суд и од судскиот совет
1. Судот забележува дека странкте не се согласуваат во однос на фактите кои го предизвикале не-обновувањето на договорот за вработување на жалителот. Така, засегнатиот верува дека во својата пресуда, судскиот совет го следел Уставниот суд воведувајќи нови факти кои според него не биле прогласени за утврдени од страна на Трудовиот суд од Мурсија. Тој тврди особено дека, како Уставниот суд, така и судскиот совет ги претставиле неговите критики кон црквата како причина за не-обновувањето, кога всушност нотата од епископот го споменала само публицитетот што тој го дал на неговата лична ситуација. За Владата, фактите кои ја поткрепиле одлуката на епископот се јавните изјави на жалителот кои ја облеодениле како неговата семејна ситуација така и неговите критички гледишта кон Црквата.
1. Судот забележува дека, во својата пресуда од 28 септември 2000 година, трудовиот судија бр.3 од Мурсија сметал дека жалителот бил дискриминиран поради неговиот брачен статус и неговото членство во здружението MOCEOP, со тоа што неговото појавување во печатот било причина за она што судијата го оквалификувал како разрешување (став 25 погоре). Така, членството на засегнатиот во движењето во прашање веќе било дел од утврдените факти. Врз основа на овие исти факти, Високиот суд на правдата дошол до спротивен заклучок.
1. Понатаму, Судот забележува дека, во неговата жалба amparo пред Уставниот суд, самиот жалител тврдел дека неговото членство во MOCEOP како и неговите дисидентски ставови за целибатот на католичките свештеници биле причината за не-обновувањето на неговиот договор, а со тоа сметал дека претрпел повреда на неговата приватност и на верската слобода. Уставниот суд ги засновал своите заклучоци на овие два елементи (видете став 41 погоре).
1. Содржината на нотата на епископот од која произлегува одлуката за не-обновување на договорот не е во спротивност со погоре наведеното. Навистина, изразот „ситуација на жалителот“ може разумно да се разбере како да се однесува како на неговиот брачен статус така и на неговото членство во MOCEOP. Затоа може да се каже дека овие два елементи земени заедно довеле до ситуација која можела да го предизвика „скандалот“ наведен од страна на епископот.
1. Конечно, во врска со јавните изјави припишани на жалителот (видете став 139 подолу), Судот констатира дека не произлегува од ниту една внатрешна одлука дека тие биле земени во предвид од страна на националните судови.
1. Во заклучок, не може да се каже дека Уставниот суд или Судскиот совет се потпирале на други факти освен оние кои биле прогласени за утврдени од страна на домашните судови кои одлучувале за основаноста на жалбата. Големиот судски совет ова ќе го земе во предвид.
2. За релевантните одредби од Конвенцијата во овој случај
1. На самиот почеток, треба да се забележи дека неколку одредби од Конвенцијата се релевантни за проценка на оваа жалба, особено членовите 8, 9, 10 и 11. Членот 8 мора да биде земен во предвид во онаа мера во која тој го вклучува правото на жалителот да ги извршувa своите професионални активности, неговото право на почитување на неговиот семеен живот и правото јавно да го живее својот семеен живот. Членот 9 влегува во игра со оглед на тоа дека го штити правото на поединецот на слобода на мислата и вероисповеста. Член 10 е релевантен бидејќи го штити правото на жалителот да ги искаже своите ставови за официјалните доктрини на Црквата, и членот 11 по тоа што го гарантира неговото право да биде член во организација со специфични гледишта за одредени прашања во врска со религијата. Според мислењето на Судот, сепак, главното прашање што го поставува овој случај се однесува на не-обновувањето на договорот на жалителот. Тој не се жали што бил спречен да брани или шири одредени идеи или да припаѓа на MOCEOP, ниту пак што претрпел напади врз неговиот семеен живот. Она на што тој се жали во суштина е што не бил во можност да продолжи да предава католичка веронаука поради публицитетот што им бил даден на неговата семејна ситуација и на неговото членство во MOCEOP. Затоа, по примерот на судскиот совет, Големиот судски совет смета дека е соодветно да се разгледа жалбата во смисла на членот 8 од Конвенцијата.
3. За применливоста на членот 8
1. Не може да се изведе од членот 8 генеричко право на вработување или на обновување на договор за вработување на определено време. Сепак, Судот веќе имал прилика да ја разгледува применливоста на членот 8 во делот на вработувањето. Во овој поглед, тој потсетува дека „приватен живот“ е широк поим, кој не е подложен на исцрпна дефиниција (видете, меѓу другите, Schüth, претходно наведена,§ 53). Би било премногу рестриктивно да се ограничи поимот „приватен живот" на „интимен круг“ каде секој може да си го живее својот личен живот како што сака и да го исклучи целосно надворешниот свет од овој круг (Niemietz c. Allemagne, 16 декември 1992, § 29, серија A бр. 251‑B).
1. Според судската пракса на Судот, не постои генерална причина да се смета дека „приватниот живот“ ги исклучува професионалните активности (Bigaeva c. Grèce, бр. 26713/05, § 23, 28 мај 2009, и Oleksandr Volkov c. Ukraine, бр. 21722/11, § 165-167, ЕСЧП 2013). Ограничувањата кои се однесуваат на професионалниот живот можат да спаѓаат во опсегот на членот 8, кога тие влијаат на тоа како поединецот го гради својот социјален идентитет преку развивањето на врски со сродни лица. Покрај тоа, професионалниот живот често е тесно испреплетен со приватниот живот, особено ако фактори поврзани со приватниот живот, во строга смисла на зборот, се сметаат за критериуми за квалификување за дадена професија (Özpınar c. Turquie, бр. 20999/04, §§ 43-48, 19 октомври 2010). Накусо, професионалниот живот е дел од оваа зона на интеракција помеѓу поединецот и другите која, дури и во јавен контекст, може да спаѓа во доменот на „приватниот живот“ (Molka c. Pologne (déc.), бр. 56550/00, ЕСЧП 2006‑IV).
1. Во овој случај, интеракцијата помеѓу приватниот живот strictu sensu и професионалниот живот е дотолку повеќе впечатлива со оглед што овој вид на работно место бара не само технички вештини, но, исто така, и способност да „се истакне со исправноста на доктрината, со сведочењето за христијански живот и педагошката компетенција “(...), создавајќи така директна врска помеѓу однесувањето во рамките на приватниот живот и професионалната активност.
1. Судот понатаму забележува дека жалителот, кој не бил државен службеник но бил сепак вработени и платен од страна на државата, работел како наставник по веронаука од 1991 година врз основа на договори на определено време што биле обновувани на почетокот на секоја учебна година под услов да имало одобрување од страна на епископот на неговите способности. Така, доколку е вистина дека жалителот никогаш немал постојан договор, претпоставката за негово обновување му давала основани причини да верува дека договорот ќе му биде продолжен се додека се исполнети бараните услови и во отсуство на околности кои можат да го оправдаат не-обновувањето на договорот согласно канононското право. Според мислењето на Судот, фактите на случајот се слични, mutatis mutandisсо оние на случајот Lombardi Vallauri c. Italie (бр. 39128/05, § 38, 20 октомври 2009 г.). Всушност, жалителот во овој случај работел како наставник по веронаука во текот на седум години непрекинато и бил ценет како од страна на неговите колеги така и од управата на установите каде што тој предавал, што сведочи за стабилноста на неговата професионална ситуација.
1. Во овие услови, Судот смета дека не-обновувањето на неговиот договор на жалителот поради настани кои се однесуваат првенствено на личен избор што тој го направил во рамките на неговиот приватен и семеен живот сериозно ги компромитирало неговите можности да ја извршува неговата специфична професионална дејност. Од ова следи дека, во околностите на случајот, членот 8 е применлив.
4. За почитувањето на членот 8
а). За постоењето на мешање
1. Судот најпрво потсетува дека, ако членот 8 во суштина се стреми да го заштити поединецот од арбитрарно мешање од страна на јавните власти, тој не се задоволува само со тоа да и нареди на државата да се воздржи од таквото мешање: на ова повеќе негативно ангажирање, може да се додадат позитивни обврски инхерентни на ефективното почитување на приватниот живот. Овие можат да бараат донесување на мерки со цел да се обезбеди почитување на приватниот живот, дури и во односите меѓу поединците. Ако границата помеѓу позитивните и негативните обврски на државата според членот 8 не подложи на прецизна дефиниција, применливите принципи се сепак слични. Особено, во двата случаи, мора да се земе во предвид соодветната рамнотежа помеѓу општиот интерес и интересите на поединецот, со тоа што државата, во секој случај, ужива одреден простор за слободна проценка (Evans c. Royaume-Uni [GC], бр. 6339/05, §§ 75-76, ЕСЧП 2007‑IV, Rommelfanger, одлука претходно наведена, и Fuentes Bobo c. Espagne, бр. 39293/98, § 38, 29 февруари 2000)
1. За разлика од Судскиот совет, Големиот судски совет смета дека во овој случај не се работи за тоа дали државата е должна, во рамките од своите позитивни обврски кои произлегуваат од членот 8, да го стави на прво место правото на жалителот на почитување на неговиот приватен живот во однос на правото на Католичката црква да одбие да го обнови неговиот договор (видете ги a contrario, mutatis mutandis, пресудите Obst, § 43, Schüth, § 57, и Siebenhaar, § 38, наведени погоре). Судот така се надоврзува на позицијата на Уставниот суд, кој во својата пресуда од 4 јуни 2007 година оценил дека, иако одлуката на не-обновување на договорот всушност не биле донесена од страна на јавен орган, било доволно, како во сегашниот случај, овој орган да интервенирал во подоцнежна фаза за да може да се смета дека се работи за дело од страна на јавен орган. Така, Судот смета дека срцето на проблемот лежи во дејствувањето на јавната администрација која, како работодавач на жалителот директно е вклучена во процесот на одлучување, ја извршила одлуката за не-обновување на договорот донесена од страна на епископот. Иако Судот признава дека можностите за делување кои Државата ги имала на располагање во овој случај биле ограничени, тој мора да констатира дека ако Министерството за образование не ја било спровело епископската одлука, договорот на жалителот сигурно ќе бил обновен.
1. Со оглед на горенаведеното, Судот смета дека, во околностите на случајот, однесувањето на јавните власти претставувало мешање во правото на жалителот на почитување на неговиот приватен живот.
б) „Пропишано со закон“
1. Зборовите„пропишано со закон“ бараат прво оспорената мерка да има основа во домашното право, но, исто така, се однесуваат на квалитетот на законот во прашање: тие бараат тој да биде достапен за засегнатото лице, кое згора на тоа треба да биде во можност да ги предвиди последиците за него, и неговата компатибилност со владеењето на правото (видете, Kopp c. Suisse, 25 март 1998, § 55, Recueil des arrêts et décisions 1998‑II). Овој израз подразбира особено дека домашното право треба да користи доволно јасни термини за доволно да им назначи на сите во какви околности и под кои услови таа ја овластува јавната власт да прибегне кон мерки кои влијаат на нивните права заштитени со Конвенцијата (CG et al. Bulgarie, бр. 1365/07, § 39, 24 април 2008).
1. Судот забележува дека Министерството за образование постапило според одредбите на членот III на Спогодбата од 1979 меѓу Шпанија и Светата Столица, кои се надополнети со Декретот од 11 октомври 1982 година, според кој назначувањето не се обновува ако епископот даде спротивно мислење (...) Спогодбата за која станува збор е меѓународен договор, кој е инкорпориран во шпанското право согласно Уставот на Шпанија (видете, mutatis mutandis, Neulinger et Shuruk c. Suisse [GC], бр. 41615/07, § 99, ЕСЧП 2010). Не-обновувањето на договорот на жалителот, значи, се заснова на шпанскиот закон во сила.
1. Останува да се утврди до кој степен жалителот можел да предвиди дека неговиот договор нема да биде обновен. Клучното прашање е да се види во која мера засегнатиот можел да го антиципира ризикот, како последица на неговото лично однесување, епископот да престане да го смета како добар кандидат и неговиот договор, оттука, да не биде обновен. Во овој контекст, Судот забележува дека епископот на Картагена главно се засновал на поимот на „скандал“ за да го одбие продолжувањето на договорот на жалителот (видете став 19 погоре). Иако овој концепт не е предвиден експлицитно во каноните 804 и 805 на Кодексот на канонското право (...) кои се однесуваат на наставниците по веронаука, може да се смета дека тој се однесува на - и се објаснува со - поимите „исправност на доктрината“, „сведочење за христијански живот“ или „причини на религија и морал“, кои фигурираат во тие канони. Во оваа смисла, Судот смета дека одредбите применливи во овој случај соодветсвуваат на барањата за предвидливоста на нивните ефекти. Особено, во онаа мера во која жалителот бил директор на богословијата, може разумно да се претпостави дека тој бил свесен за зголеменета обврска за лојалност која ја имал согласно црковното право и дека оттука можел да предвиди дека, и покрај толеранцијата што ја уживал во текот на повеќе години, јавното изразување на неговиот милитантен став за одредени прецепти на Црквата би било спротивно на применливите каконски одредби, и не би останало без последици. Со оглед на јасноста на условите на Спогодбата од 1979 г. меѓу Шпанија и Светата Столица, тој можел, исто така, разумно да предвиди дека без потврда за способност издадена од страна на Црквата неговиот договор немало да биде обновен (видете mutatis mutandis, Sindicatul « Păstorul cel Bun » c. Roumanie [GC], бр; 2330/09, § 155, 9 јули 2013).
1. Затоа, Судот е подготвен да прифати, како и домашните судови, дека оспореното мешање ги имало како правна основа релевантните одредби на Спогодбата од 1979 г. меѓу Шпанија и Светата Столица, кои се надополнети со декретот од 11 октомври, 1982 г., и дека овие одредби ги задоволуваат барањата на „законитост“ утврдени во неговата судска пракса (видете, mutatis mutandis, Miroļubovs et autres c. Lettonie, бр. 798/05, § 78, 15 септември 2009).
1. Во заклучок, Судот смета дека спорното мешање било пропишано со закон.
в) Легитимна цел
1. По примерот на страните, Судот смета дека одлуката на не-обновување во прашање во овој случај ја имала легитимната цел на заштитата на правата и слободите на другите, во конкретниот случај оние на Католичката црква, и особено на нејзината автономија што се однесува до изборот на лица кои се квалификувани да го предаваат верското учење.
г) Неопходноста во едно демократско општество
i) Oпштите принципи
а) Балансирање на правата
1. Судот потсетува дека, кога е повикан да одлучува за конфликт меѓу две права еднакво заштитени со Конвенцијата, тој мора ги избалансира интересите кои се во игра (пресуди Siebenhaar, Schüth et Obst, претходно наведени). Во овој случај, ова балансирање мора да се направи помеѓу правото на жалителот на приватен и семеен живот и правото на верските организации на автономија. Државата треба да ги гарантира овие две права и, ако заштитата на едното води кон повреда на другото, да ги избере соодветните средства за да ја направи таквата повреда пропорционална на саканата цел. Во овој контекст, Судот прифаќа дека државата има широк простор за слобдна проценка (видете, mutatis mutandis, Sindicatul « Păstorul cel Bun », претходно наведена, § 160, и, mutatis mutandis, Von Hannover c Allemagne (бр. 2) [GC], бр. 40660/08 и 60641/08, §§ 104-107, ЕСЧП 2012).
1. Мешање се смета за „неопходно во едно демократско општество“ за да се постигне легитимна цел ако тоа соодветсвува на „императивна општествена потреба“ и, особено, ако е пропорционално со бараната легитимна цел и ако причините изнесени од страна на националните власти за тоа да се оправда се „релевантни и доволни“ (видете, на пример, Coster c. Royaume-Uni [GC], бр. 24876/94, § 104, 18 јануари 2001, и S. et Marper c. Royaume-Uni [GC], бр. 30562/04 и 30566/04, § 101, ЕСЧП 2008).
1. Ако националните власти се должни први да оценат дали се исполнети сите овие услови, Судот е должен да одлучи во крајна инстанца за потребата од мешање во однос на барањата од Конвенцијата. Во овој поглед, мора да им се признае одреден простор за слободна проценка на надлежните национални власти. Опсегот на овој простор е променлив и зависи од одреден број на фактори, вклучувајќи ја природата на правото во прашање гарантирано со Конвенцијата, неговата важност за поединецот, природата на мешањето и целта на истото . Овој простор е толку помал колку што правото во прашање е важно за да му се гарантира на поединецот ефективното уживање на основните човекови права или „интимните“ права на кои тој има право. Оттука, кога особено важен аспект на постоењето или идентитетот на поединецот е во прашање, просторот за слободна проценка на државата е поограничен. Од друга страна, просторот е поширок кога не постои консензус меѓу земјите-членки на Советот на Европа, било дали се работи за релативната важност на интересот во игра или за тоа како тој најдобро да се заштити (S. et Marper, претходно наведена, §§ 101-102) Во принцип, просторот е исто така доста широк кога државата треба да обезбеди рамнотежа меѓу конкуренти приватни и јавни интереси или различни права заштитени со Конвенцијата (Obst, претходно наведена, § 42).
β) Право на приватен и семеен живот
1. Што се однесува на правото на приватен и семеен живот, Судот ја нагласува важноста за поединците да можат слободно да одлучуваат за начинот на кој имаат намера да го водат својот приватен и семеен живот. Во овој поглед, треба да се забележи дека членот 8 од Конвенцијата го штити исто правото на остварување na личните стремежи, било тоа да е во форма на личен развој (Christine Goodwin c. Royaume-Uni [GC], бр. 28957/95, § 90, ЕСЧП 2002‑VI) или од перспектива на правото да се воспостават и развијат односи со своите ближни и со надворешниот свет, со тоа што поимот на лична автономија одразува важен принцип кој е во основата на толкувањето на гаранциите наведени во оваа одредба (Pretty c. Royaume-Uni, бр. 2346/02, § 61, ЕСЧП 2002‑III). Оттука, се подразбира дека правото на поединецот да се венча и да го обзнани во јавност својот избор е заштитено со Конвенцијата, особено со членот 8 во светлината на други релевантни членови (став 108 погоре).
γ) Обврската на државата за заштита на автономијата на Црквата
- Степенот на автономија на верските заедници
1. Во врска со автономијата на верските организации, Судот забележува дека верските заедници постојат традиционално и универзално во форма на организирани структури. Кога се работи за организацијата на верска заедница, членот 9 од Конвенцијата треба да се толкува во смисла на членот 11, кој го штити асоцијативниот живот од секоја неоправдана интервенција од страна на државата. Од оваа перспектива, правото на верниците на слободата на вероисповед подразбира заедницата да може да функционира спокојно, без арбитрарно мешање на државата. Автономијата на верските заедници е неопходна за плурализмот во едно демократско општество и е во самото срце на заштитата што ја нуди членот 9 од Конвенцијата. Таа е од директен интерес не само за организацијата на овие заедници како такви, туку исто така и за ефективното уживање на целокупноста на нивните активни членови на правото на слобода на религијата. Ако организацијата на животот на заедницата не беше заштитена со членот 9 од Конвенцијата, сите други аспекти на слободата на вероисповест на поединецот со тоа ќе станеа ранливи (Hassan et Tchaouch, претходно наведена, § 62, Église métropolitaine de Bessarabie et autres c. Moldova, бр. 45701/99, § 118, ЕСЧП 2001-XII, и Saint Synode de l’Église orthodoxe bulgare (Métropolite Innocent) et autres c. Bulgarie, бр. 412/03 и 35677/04, § 103, 22 јануари 2009).
1. Што се однесува на внатрешната автономија на верските групи, членот 9 од Конвенцијата не гарантира никакво право на несогласување во рамките на една религиозна организација; во случај на доктринарно или организациско несогласување меѓу верска заедница и еден од нејзините членови, религиозната слобода на поединецот се остварува преку неговото право слободно да ја напушти заедницата (Miroļubovs et autres, претходно наведен, § 80). Покрај тоа, во овој контекст, Судот имаше бројни прилики да ја истакне улогата на државата како неутрален и непристрасен организатор на практикувањето на верата, верските обреди и верувања, и да укаже на тоа дека оваа улога помогнала да се осигура јавниот ред, верскиот мир и толеранцијата во едно демократско општество, особено меѓу спротивставени групи (видете, меѓу другите, Hassan et Tchaouch, претходно наведен, § 78, и Leyla Şahin c. Turquie [GC], бр. 44774/98, § 107, ЕСЧП 2005‑XI). Почитувањето на автономијата на верските заедници признаени од државата имплицира, особено, прифаќање од страна на последната на правото на овие заедници да реагираат во согласност со нивните сопствени правила и интереси на потенцијалните дисидентски движења што би можеле да се јават во нив и кои би можеле да ја загрозат нивната кохезија, нивната слика или нивното единствo. Оттука, националните власти не треба да се поставуваат како арбитри меѓу верските организации и различните дисидентски единици кои постојат или кои би можеле да се создадат во рамките на нивната сфера (Sindicatul « Păstorul cel Bun », претходно наведена, § 165)
1. Судот понатаму потсетува дека, освен во исклучителни случаи, правото на слобода на вероисповеста гарантирано со Конвенцијата исклучува секаква проценка од страна на државата за легитимноста на верските убедувања или за модалитетите за изразување на истите (Hassan et Tchaouch, претходно наведена, §§ 62 et 78). Покрај тоа, принципот на верска автономија и забранува државата да принуди верска заедница да прифати или исклучи поединец или да му довери каква и да е религиозна одговорност (видете, mutatis mutandis, Sviato-Mykhaïlivska Parafiya c. Ukraine, бр. 77703/01, § 146, 14 јуни 2007).
1. Конечно, кога се вклучени прашања во врска со односите меѓу државата и религиите, прашања во однос на кои можат разумно да постојат длабоки разлики во едно демократско општество, потребно да се посвети посебно внимание на улогата на националниот одлучувач (Leyla Şahin, претходно наведена, § 109).Ова е особено случај кога постои, во праксата на европските држави, разноликост на уставни модели со кои се регулира односот помеѓу државата и религиите (Sindicatul « Păstorul cel Bun », претходно наведен, § 138)..
- Обврската за лојалност
1. Судот признaва дека поради нивната автономија верските заедници може да бараат одреден степен на лојалност од лица кои работат за нив или ги претставуваат. Во овој контекст, тој веќе сметал дека природата на работното место што овие лица го држеле била важен елемент кој требало да биде земен во предвид при оценувањето на пропорционалноста на рестриктивна мерка усвоена од страна на државата или засегнатата верска организација (Obst, претходно наведена, §§ 48-51, и Schüth, претходно наведена, § 69). Интересно, специфичната задача доделена на засегнатиот во рамките на религиозна организација е аспект што треба да се земе во предвид за да се одреди дали тоа лице треба да биде предмет на зголемена обврска за лојалност.
- Границите на автономијата
1. Сепак, не е доволно една верска заедница да тврди дека постоела вистинска или потенцијална повреда на нејзината автономија за какво и да е мешање во правото на почитување на приватниот или семејниот живот на нејзините членови да стане компатибилно со членот 8 од Конвенцијата. Би требало, всушност, верската заедница во прашање да докаже, во светлината на околностите на случајот, дека наведениот ризик е веројатен и сериозен, дека спорното мешање во правото на почитување на приватниот живот не оди подалеку од она што е неопходно за да се спречи овој ризик и дека не служи на друга цел која е туѓа на остварувањето на автономијата на религиозната заедница. Исто така, тоа не треба да ја повреди суштината на правото на приватен и семеен живот. Националните судови се должни да се осигураат дека овие услови се исполнети, со спроведување на темелна ревизија на околностите на случајот и на детално балансирање на дивергентните интереси во игра (видете, mutatis mutandis, Sindicatul « Păstorul cel Bun », наведена погоре, § 159).
ii) Примена на погоре наведените принципи во овој случај
1. При примената на овие принципи во конкретниот случај, Судот смета дека треба да се земат предвид следниве елементи.
α) Статусот на жалителот
1. Судот најпрво забележува дека жалителот добил ослободување од целибат од Ватикан само по објавувањето на написот во весник. Со оглед на тоа што засегнатиот бил истовремено и оженет човек и свештеник, неговиот статус во релевантното време не бил сосем јасен. Од една страна, неговиот статус на свештеник не се променил од аспект на Црквата - барем не официјално - а, од надвор, жалителот се уште можел да се смета за претставник на Католичката црква бидејќи продолжувал да ја предава католичката веронаука. Од друга страна, тој бил оженет и бил познат по тоа што бил поранешен свештеник. Освен тоа, треба да се води сметка за фактот дека неговата наставничка плата била платена од страна на државата, иако индиректно, бидејќи владата навела дека на времето наставниците по веронаука ги добивале своите плати директно од Католичката црква, на кои Владата им ги уплаќала неопходните средства во облик на субвенции.
1. Како и да е, Судот смета дека жалителот, потпишувајќи ги годишните договори за работа, свесно и доброволно ја прифатил обврската за зголемена лојалност кон католичката црква, што го ограничило во одредена мера неговото право на почитување на неговиот приватен и семеен живот. Вакви договорни ограничувања се прифатливи според Конвенцијата кога истите се доброволно усогласени (Rommelfanger, претходно наведена одука). Така, од гледна точка на интересите на Црквата за одбрана на кохерентноста на нејзините прецепти, предавањето на католичката веронаука на адолесценти може да се смета за клучна функција што бара посебна вeрност. Судот не е убеден дека во времето на објавувањето на написот во La Verdad, оваа договорна обврска за лојалност престанала да постои. Иако статусот на оженет свештеник на жалителот не бил доволно јасен, се уште можело да се очекува од него тој да ја почитува обврската за лојалност штом епископот го сметал за достоен претставник за да предава католичка веронаука.
β) Публицитетот даден од страна на жалителот на неговата позиција на оженет свештеник
1. Судот најпрво забележува дека самиот жалител не е оној кој објавил напис за неговите ставови или за неговиот семеен живот, туку дека новинар напишал за собирот на MOCEOP, приложувајќи кон статијата фотографија на засегнатиот со неговото семејство, како и резиме на идеите што ги бранела група поранешни свештеници, вклучувајќи го и жалителот. Сепак, треба да се напомене дека, спротивно на засегнатиот, најголемиот дел од другите учесници во настанот го избегнале контактот со новинарите. Што се однесува до тоа дали барателот намерно позирал за фотографијата во прашање, точка за која исто така страните спорат, Судот цени дека одговорот не е од суштинско значење. Всушност, дури и под претпоставка дека тој бил фотографиран без негова согласност, треба да се констатира дека ништо во предметот не покажува дека тој се пожалил на неговото појавување во печатот со користење на правните лекови кои му биле на располагање во домашното право. Судот смета дека, согласувајќи се да ја обзнани неговата семејна состојба и неговото учество на собир што епископот го оценил како протестен, засегнатиот го прекршил специјалниот однос на доверба што бил потребен за извршувањето на задачите за кои тој бил ангажиран. Со оглед на важноста на изучувањето на веронауката за сите вероисповести, не било воопшто изненадувачки дека една таква повреда можела да има последици. Оттука, Судот смета дека доделувањето на ослободувањето, тринаесет години откако барателот го побарал и веднаш по објавувањето на написот во печатот, е дел од казната против него заради неговото однесување.
1. Во очите на Судот, не е неразумно, за црква или верска заедница, да бараат од наставниците по веронаука особена лојалност, во онаа мера во која тие може да се сметаат како нејзини претставници. Постоењето на дивергентност меѓу идеите кои треба да се предаваат и личните убедувања на еден наставник може да го наруши кредибилитетот во случај кога наставникотот активно и јавно се залага против идеите во прашање (видете, mutatis mutandis, Siebenhaar, претходно наведена, § 46). Така, проблемот во овој случај произлегувал од околноста дека жалителот можел да биде увиден како поборник во корист на својот начин на живот со цел да предизвика промени во правилата на Црквата, и од неговата отворена критика на овие правила.
γ) Публицитетот даден од страна на жалителот на неговата припадност на MOCEOP и изјавите кои му биле припишани
1. Ако страните се согласуваат дека било добро познато дека жалителот бил оженет и татко на пет деца, не е јасно до кој степен неговото членство во една организација која се стремела кон цели кои биле некомпатибилни со официјалната доктрина на Црквата било исто така познато за пошироката јавност пред објавувањето на спорниот напис. Во овој контекст, Судот смета дека е неопходно да се земе во предвид специфичната содржина на наставата што ја држел поединецот. Во овој поглед, ситуацијата на наставник по веронаука кој е член на здружение чии идеи се против учењата на оваа религија и кој јавно се залага за ова здружение, се разликува од онаа на, да речеме, наставник по јазици кој би бил исто така член на Комунистичката партија (Vogt 26 сепрември 1995, серија A бр. 323) Она што ја оправдува обврската за зголемена лојалност што ја има првиот се должи на тоа што, за да биде веродостојна наставата по веронаука мора да ја држи лице чиј начин на живот и јавни изјави не се во флагрантна спротивност со религијата во прашање, особено со оглед на тоа што последнава претендира дека раководи со приватниот живот и со личните убедувања на своите следбеници (Directive 2000/78/CE, Schüth, претходно наведена, § 40, Obst, претходно наведена, § 27, и Lombardi Vallauri, претходно наведена, § 41). Затоа самиот факт што ништо не укажува на тоа дека жалителот предавал, во рамките на неговите часови, тези кои се некомпатибилни со доктрината на Католичката црква не дозволува да се заклучи дека тој ја исполнил својата обврска за зголемена лојалност (Vogt, претходно наведена).
1. Во врска со изјавите кои му се припишани на жалителот по објавувањето на написот во весник, треба да се напомене дека написот ги наведува изјавите на група од четири учесници во настанот кои се именувани, вклучувајќи го и жалителот, за кој написот, меѓу другото, потсетува дека тој бил директор на богословијата. Според написот, овие четворица демонстранти, вклучувајќи го и жалителот, се произнеле во корист на контрацепцијата и не се согласувале со ставовите на католичката црква за други прашања како абортусот, контролата на раѓање и опционалниот целибат за свештениците.
1. Според мислењето на Судот, се подразбира дека овој вид на изјави спаѓаат во опсегот на слободата на изразување според членот 10 од Конвенцијата. Сепак, дури и ако националните судови ова не го земале во предвид (став 106 погоре), тоа не значи дека Католичката црква не можела од ова да извлече одредени последици, во вршењето на својата автономија,која е исто така заштитена со Конвенцијата, во членот 9. Во оваа смисла, Судот потсетува дека во оцената на сериозноста на однесувањето на лице вработено во служба на Црквата, потребно било да се разгледа блискоста меѓу активноста на лицето и мисијата на прокламација на Црквата (Schüth, претходно наведена, § 69). Меѓутоа, во овој случај, оваа блискост била очигледно голема.
1. Оттука, жалителот доброволно бил дел од кругот на лица кои прифатиле да се подложат на, заради кредибилитет, обврската за зголемена лојалност во однос на Католичката црква, а тоа го ограничувало до одреден степен неговото право на почитување на неговиот приватен живот. Според мислењето на Судот, да се биде забележан заради јавно ангажирање во движења кои се спротиставуваат на католичката доктрина очигледно е спротивно на оваа обврска. Од друга страна, нема сомнение дека засегнатиот, како поранешен свештеник и поранешен директор на богословијата, бил или требало да биде свесен за содржината и значењето на оваа обврска (видете, mutatis mutandis, Obst претходно наведена, § 50).
1. Згора на тоа, Судот смета дека промените предизвикани од публицитетот даден на членството на жалителот во MOCEOP и од изјавите содржани во статијата биле дотолку поважни што засегнатиот им предавал на адолесценти, кои не биле доволно зрели за да направат разлика помеѓу информации што спаѓале во рамките на доктрината на Католичката црква и на оние што го сочинувале личното мислење на жалителот.
δ) Одговорноста на државата како работодавач
1. Судот, освен тоа, забележува дека, за разлика од жалителите во трите германски случаи Siebenhaar, Schüth и Obst наведени погоре, кои биле вработени од страна на нивните цркви, жалителот во овој случај, како и сите наставници во Шпанија, бил вработен и платен од страна на државата. Овoj аспект, сепак, не е од таква природа за да влијае на обемот на обврската за лојалност што жалителот ја имало во однос на Католичката црква или на мерките што таа може да ги преземе во случај на непочитување на оваа обврска. Оваа анализа е потврдена со фактот дека, во поголемиот дел од земјите-членки на Советот на Европа, засегнатите цркви и верски заедници имаат коодлучувачка, па дури и одлучувачка улога во именувањето и разрешувањето на наставниците по веронаука, без оглед на системот на финансирање - директен или индиректен - на оваа настава (...)
ε) Строгоста на казната
1. Судот веќе пресудил, иако во малку поинаков контекст, дека тоа што некој вработен кој е разрешен од страна на црковен работодавач има ограничени можности за наоѓање на ново вработување е особено важно. Ова е особено точно кога работодавачот зазема водечка позиција во рамките на даден сектор на активности и кога ужива одредени исклучоци од општото законодавство, или кога образованието на отпуштениот вработен е толку специфично што му е тешко, ако не и невозможно, да најде нова работа надвор од црквата која го вработува, што беше случај и во овој случај (видете, mutatis mutandis, Schüth, претходно наведена, § 73).
1. Што се однесува до последиците за жалителот од не-обновувањето на неговиот договор за работа, не постои сомнеж дека ваквата одлука претставувала санкција која имала тешки последици врз неговиот приватен и семеен живот. Во својата нота, епископот сепак ги земал во предвид овие потешкотии и назначил дека засегнатиот би можел да прима надоместоци за невработеност (видете став 19 погоре). Треба да се констатира во овој поглед дека по не-обновувањето на неговиот договор жалителот навистина ги примал овие надоместоци.
1. Последиците за засегнатиот треба исто така да се разгледаат во светлината на фактот дека тој самиот свесно се ставил во ситуација во спротивност со црковните прецепти. Преку неговите поранешни одговорности во рамките на Црквата, тој ги знаел нејзините правила и знаел дека неговото однесување го ставало во несигурна положба во однос на епископот и го направило обновувањето на неговиот договор зависно од моќта за слободно одлучување на истиот. Тој оттука требал да очекува дека доброволно дадениот публицитет на неговото членство во MOCEOP немало да остане без последици по неговиот договор. Судот забележува дека, иако жалителот не добил претходно известување за не-обновување, тој знаел дека неговиот договор бил обновуван годишно под услов да имал осогласност од епископот, а тоа ја вклучувало можноста за истиот редовно да го оценува почитувањето од страна на жалителот на неговата зголемена обврска за лојалност. Конечно, жалителот занел дека Католичката црква веќе се покажала како толерантна во овој поглед дозволувајќи му да ја предава католичка веронаука шест години, односно се додека неговата лична состојба, која била во спротивност со принципите на оваа религија, не била јавно изложена. Покрај тоа, треба да се напомене дека во овој случај помалку рестриктивна мерка за засегнатиот сигурно немало да ја има истата ефикасност што се однесува до зачувувањето на кредибилитетот на Црквата. Не се чини дека последиците за жалителот од не-обновувањето на неговиот договор биле претерани во околностите на случајот, особено во поглед на фактот што тој самиот се ставил свесно во ситуација сосема спротивна на прописите на Црквата.
ζ) Контролата од страна на домашните судови
1. Што се однесува конечно на контролата спроведена од страна на домашните судови, треба да се напомене дека, иако членот 8 не содржи никакво експлицитно процедурално барање, Судот не може да оцени на задоволителен начин дали причините наведени од страна на националните власти во поддршка на нивните одлуки биле „доволни“ за целите на членот 8 § 2 без да утврди истовремено дали процесот на одлучување, гледан како целина, му ја обезбедил на жалителот потребната заштита на неговите интереси (W. c. Royaume-Uni, 8 јули 1987, §§ 62 и 64, серија A бр. 121, Elsholz c Allemagne [GC], бр. 25735/94, § 52, ЕСЧП 2000‑VIII, и Sahin c. Allemagne [GC], бр. 30943/96, § 68, ЕСЧП 2003‑VIII).
1. Во овој случај, Судот веднаш констатира дека жалителот бил во можност да го оспори не-обновувањето на неговиот договор пред Трудовиот суд и потоа пред Високиот суд на правдата на Мурсија, кои ја испитале законитоста на спорната мерка во однос на трудовото право, земајќи го предвид црковното право, и ги извагале конкурентните интереси на жалителот и на Католичката црква (видете, mutatis mutandis, Siebenhaar, Schüth, § 59, и Obst, § 45, претходно наведени). Во крајна инстанца, зааегнатиот можел да поднесе жалба amparo пред Уставниот суд.
1. Во поглед на ова, Судот забележува дека во шпанскиот закон идејата за автономија на верските заедници е надополнета од страна на принципот за верска неутралност на државата, која е содржан во членот 16 § 3 од Уставот и им забранува на националните власти да се произнесуваат за содржината на поими со религиозен карактер како што е „скандалот“ или свештеничкиот целибат. Се разбира, оваа обврска за неутралност не е неограничена бидејќи, дури и според мислењето на Уставниот суд, се работи за тоа, во случаи како овој, да се помират барањата на верската слобода и принципот на верска неутралност на државата со судската заштита на основните човекови права и на работните односи на наставниците.Така, во случај поврзан со не-обновување на договорот на една наставничка по веронаука заради нејзиниот граѓански брак со разведен човек, високиот суд утврдил повреда на правото на засегнатата да не биде предмет на дискриминација, на нејзиното право на почитување на нејзината слобода на мислење во врска со бракот и на нејзиното право на лична и семејна интима (...)
1. Во овој случај, кој е сличен на горенаведениот случај, но се разликува од него во некои важни аспекти, домашните судови оцениле дека, во онаа мера во која причината за на не-обновување била строго религиозна, тие морале да се ограничат на тоа да проверат дали биле испочитувани основните права во игра во овој случај. Особено, откако внимателно ги испитал фактите на случајот, Уставниот суд сметал дека обврската за неутралност на државата и забранувала на истата да се произнесе за поимот на „скандал“ кој бил употребен од страна на епископијата за да го одбие обновувањето на договорот на жалителот, како и за основаноста на опционалниот целибат за свештениците за кој се залагал жалителот. Сепак, тој го оценил степенот на повреди на правата на жалителот и заклучил дека тие не биле ниту несразмерни ниту неуставни, туку биле оправдани со должното почитување на законското остварување на правото на Католичката црква на верската слобода во својата колективна или комунитарна димензија, во врска со правото на родителите да го изберат верското образование на нивните деца (видете став 43 погоре). Иако родителите на децата кои ги посетувале часовите на жалителот му ја искажале на истиот својата поддршка по публицитетот даден на неговата ситуација, Судот смета дека аргументот на епископијата не бил неразумен во онаа мера во која имал за цел да го заштити интегритетот на наставата.
1. Во светлотината на претходно изнесеното, Судот смета дека националните судови ги земале во предвид сите релевантни фактори и, иако тие обрнале особено внимание на правото на жалителот на слобода на изразување (видете став 45 погоре ), тие спровеле детално и темелно балансирање на засегнатите интереси (видете, mutatis mutandis, Obst, претходно наведена, § 49), во рамките на ограничувањата наметнати од почитувањето на автономијата на Католичката црква. Заклучоците до кои дошле не се чинат неразумни на Судот, особено во светлината на фактот дека засегнатиот, со оглед на тоа дека бил свештеник и директор на богословијата, бил или требало да биде свесен, прифаќајќи го местото на наставник по Католичка веронаука, за можните последици од обврската за зголемена лојалност на која тој така се обврзал кон Католичката црквата, со цел, особено, да се заштити кредибилитетот на нејзиното учење (видете, mutatis mutandis, Obst, претходно наведена, § 50). Фактот дека Уставниот суд се зафатил со продлабочена анализа е дотолку повеќе очигледен што две издвоени мислења се приложени кон пресудата, што покажува дека високиот суд го разгледал проблемот од различни агли внимавајќи притоа да се произнесе за основаноста на принципите на Црквата. Што се однесува на автономијата на Црквата, не се чини, во светлината на извршената контрола од страна на националните судови, дека имало несоодветно повикување на истата во овој случај, односно дека одлуката на епископијата да не предложи обновување на договорот на жалителот не била доволно поткрепена, произволна или дека била донесена со друга цел од онаа на остварувањето на автономијата на Католичката црква.
д) Заклучок
1. Во заклучок, со оглед на просторот за слободна проценка на државата во овој случај, Судот смета дека мешањето во остварувањето од страна на жалителот на неговото право на почитување на неговиот приватен живот не е несразмерно.
1. Поради тоа смета дека немало повреда на членот 8 од Конвенцијата.
(...)
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1.Одлучи, со девет гласови против осум, дека немало повреда на членот 8 од Конвенцијата;
(...)
Изготвено на англиски и француски јазик, и потоа прочитано на јавна расправа во Палатата на човекови права, во Стразбур, на 12 јуни 2014 година, со примена на членот 77§§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Јохан КалеваертДин Шпилман
Заменик секретар на судотПретседател
Кон оваа пресуда прикачено е, согласно членот 45 став 2 од Конвенцијата и членот 74 став 2 од Деловникот, експозето на следните издвоени мислења:
- Заедничко издвоено мислење на судиите Шпилман, Сајо, Каракаш, леменс, Јадерблом, Вехабовиќ, Дедов и Саиз Арнаиз;
(...)
- Издвоено мислење на Судијата Сајо;
- Издвоено мислење на Судијата Дедов.
Д.С.
J.C.
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски јазик и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2014.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy