© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2014. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка за судската пракса на Судот Бр. 175
Јуни 2014 година
Фернандез Мартинез (Fernández Martínez) против Шпанија [ГС] - 56030/07
Пресуда 2014/06/12 [ГС]
Член 8
Член 8-1
Почитување на приватниот живот
Не-обновување на договорот за вработување на наставник по католичка веронаука и морал кој го обзнанил својот статус на „оженет свештеник“: нема повреда
Факти - Жалителот е секуларизиран католички свештеник. Во 1984 година, тој побарал од Ватикан ослободување од обврската за целибат. Следната година, тој се оженил со жена со која добил пет деца. Од 1991 година, тој работел како наставник по морал и веронаука во државно средно училиште, неговиот годишен договор за вработување бил обновуван по мислење на епископот на диецезата, а Министерството за образование било врзано со тоа мислење. Во 1996 година, жалителот учествувал на собирот на „Движењето за опционален целибат“ (MOCEOP). Учеснниците на собирот го искажале своето несогласување со ставовите на Црквата за повеќе прашања како абортусот, разводот, сексуалноста или контролата на раѓање. Била објавена статија во регионален весник, каде биле објавени фотографија на жалителот во придружба на неговото семејство, неговото име и повеќе негови коментари. Во 1997 година, на жалителот му било доделено ослободување од целибатот. Неговиот договор за работа не бил обновен, со образложение дека тој не ја испочитувал својата обврска да предава „без да ризикува да предизвика скандал“ јавно прикажувајќи го неговиот статус на „оженет свештеник“. Жалителот ја оспорил безуспешно оваа одлука пред националните судови. Последниве оцениле дека, во онаа мера во која причината за не-обновувањето била строго верска, тие морале да се ограничат на тоа да проверат дали биле испочитувани основните права во игра во овој случај. Особено, откако внимателно ги испитал фактите на случајот, Уставниот суд оценил дека обврската за неутралност на државата и забранувала на истата да се произнесе за поимот на „скандал“ кој бил употребен од страна на епископијата за да го одбие обновувањето на договорот на жалителот, како и за основаноста на опционалниот целибат за свештениците за кој се залагал жалителот. Сепак, тој го оценил степенот на повреди на правата на жалителот и заклучил дека тие не биле ниту несразмерни ниту неуставни,туку биле оправдани со должното почитување на законското остварување на правото на Католичката црква на верската слобода во својата колективна или комунитарна димензија, во врска со правото на родителите да го изберат верското образование на нивните деца.
Во пресуда од 15 мај 2012 година (видете ја Информативната белешка 152), еден совет од Судот заклучил, со шест гласа против, дека немало повреда на членот 8 од Конвенцијата.
Правото - Член 8: Правото на поединецот да стапи во брак и да го обзнани својот избор е заштитено со Конвенцијата. За разлика од Советот, Големиот судски совет смета дека во овој случај не се работи за тоа да се утврди дали државата била должна, во рамките од своите позитивни обврски кои произлегуваат од членот 8, да го стави на прво место правото на жалителот на почитување на неговиот приватен живот наспроти правото на Католичката црква да одбие да го обнови неговиот договор. Иако одлуката за не-обновување на договорот всушност не била донесена од страна на јавен орган, било доволно, како во сегашниот случај, овој орган да интервенирал во подоцнежна фаза за да може да се смета дека се работи за дело од страна на јавен орган. Суштината на проблемот лежи во делувањето на јавната администрација која, како работодавач на жалителот директно вклучен во процесот на одлучување, ја извршила одлуката за не-обновување на договорот донесена од страна на епископот. Иако Судот признава дека можностите за делување кои државата ги имала на располагање во овој случај биле ограничени, тој мора да констатира дека доколку Министерството за образование не ја беше спровело епископската одлука, договорот на жалителот сигурно ќе бил обновен. Со оглед на горенаведеното, Судот смета дека, во околностите на случајот, однесувањето на јавните власти претставувало мешање во правото на жалителот на почитување на неговиот приватен живот.
Спорното мешање било предвидено со закон и ја имало легитимната цел на заштитата на правата и слободите на другите, во конкретниот случај оние на Католичката црква, и особено на нејзината автономија што се однесува до изборот на лица кои се квалификувани да го предаваат верското учење.
Судот смета дека треба да се земат предвид следниве елементи:
Статусот на жалителот - Жалителот, потпишувајќи ги годишните договори за работа, свесно и доброволно ја прифатил обврската за зголемена лојалност кон католичката црква, што го ограничило во одредена мера неговото право на почитување на неговиот приватен и семеен живот. Вакви договорни ограничувањата се прифатливи според Конвенцијата кога истите се доброволно прифатени. Така, од гледна точка на интересите на Црквата за одбрана на кохерентноста на своите прецепти, предавањето на католичката веронаука на адолесценти може да се смета за клучна функција што бара посебна верност. Иако статусот на оженет свештеник на жалителот не бил доволно јасен, се уште можело да се очекува од него да ја почитува обврската за лојалност штом епископот го сметал за достоен претставник за да ја предава католичката веронаука.
б) Публицитетот даден од страна на жалителот на неговата ситуација на оженет свештеник - Согласувајќи се да ја обзнани својата семејна состојба и неговото учество на собир што епископот го оценил како протестен, засегнатиот го прекршил специјалниот однос на доверба што бил потребен за извршувањето на задачите за кои тој бил задолжен. Со оглед на важноста на веронауката за сите религии, воопшто не било изненадувачки што една такво прекршување можело да има последици. Постоењето на дивергентност меѓу идеите кои треба да се предаваат и личните убедувања на еден наставник може да го наруши кредибилитетот кога наставникотот активно и јавно се залага против идеите во прашање. Така, проблемот во овој случај се должи на фактот дека жалителот можел да биде увиден како поборник во корист на својот начин на живот со цел да предизвика промени во правилата на Црквата, и на неговите отворени критики на овие правила.
в) Публицитетот даден од страна на жалителот на неговото членство во MOCEOP и изјавите кои му биле припишани - Ако било познато дека жалителот бил оженет и татко на пет деца, тешко е да се утврди до кој степен неговото членство во организација чии цели се некомпатибилни со официјалната доктрина на Црквата било исто така познато на јавноста пред објавувањето на спорната статија. Сепак, самиот факт што ништо не укажува на тоа дека жалителот предавал, во рамките на своите часови, тези кои се некомпатибилни со доктрината на Католичката црква, не овозможува да се заклучи дека тој ја исполнил својата должност за зголемена лојалност. Од друга страна, нема сомнение дека засегнатиот, како поранешен свештеник и поранешен директор на богословијата, бил или требало да биде свесен за содржината и значењето на оваа обврска. Згора на тоа, промените предизвикани од публицитетот даден на членството на жалителот во MOCEOP и од изјавите наведени во статијата биле дотолку поважни што засегнатиот им предавал на адолесценти, кои не биле доволно зрели за да направат разлика помеѓу информации што спаѓале во рамките на доктрината на Католичката црква и на оние што го сочинувале личното мислење на жалителот.
г) Одговорноста на државата како работодавач - Фактот дека жалителот бил вработен и платен од страна на државата, сепак, не е од таква природа за да влијае на обемот на обврската за лојалност што жалителот ја имал во однос на Католичката црква или на мерките што таа може да ги преземе во случај на непочитување на оваа обврска.
д) Строгоста на санкцијата - Фактот дека еден вработен кој е разрешен од страна на црковен работодавач има ограничени можности за наоѓање на ново вработување е особено важен. Ова е дотолку поточно доколку работодавачот зазема водечка позиција во рамките на даден сектор на активности и кога ужива одредени исклучоци во однос на општото законодавство, или кога образованието на отпуштениот вработен е толку специфично што му е тешко, ако не и невозможно, да најде нова работа надвор од црквата која го вработува.
Од друга страна, со оглед на своите поранешни одговорности во рамките на Црквата, тој ги знаел правилата на истата и оттука требал да очекува дека доброволно дадениот публицитет на неговото членство во MOCEOP немало да остане без последици по неговиот договор. Покрај тоа, во овој случај, помалку рестриктивна мерка за засегнатиот сигурно немало да ја има истата ефикасност што се однесува до зачувувањето на кредибилитетот на Црквата. Се чини оттука дека последиците за засегнатиот на не-обновувањето на неговиот договор не биле претерани во околностите на случајот, особено со оглед на фактот дека тој самиот свесно се ставил во ситуација која била во целосна спротивност со црковните прецепти.
ѓ) Контролата од страна на домашните судови - Жалителот можел да го оспори не-обновувањето на неговиот договор пред повеќе судови од различен степен. Националните судови ги земале во предвид сите релевантни фактори и, иако тие обрнале особено внимание на правото на жалителот на слободата на изразување, тие спровеле детално и темелно балансирање на интересите во прашање, во рамките на ограничувањата што им ги наметнувало почитувањето на автономијата на Католичката црква. Заклучоците до кои дошле не се чинат неразумни. Фактот дека Уставниот суд се зафатил со продлабочена анализа е дотолку повеќе очигледен што две издвоени мислења се приложени кон пресудата, што покажува дека високиот суд го разгледал проблемот од различни агли внимавајќи притоа да не се произнесе за основаноста на принципите кон кои се приклонува Црквата. Што се однесува на автономијата на Црквата, не се чини, во светлината на извршената контрола од страна на националните судови, дека имало несоодветно повикување на истата во овој случај, односно дека одлуката на епископијата да не предложи обновување на договорот на жалителот не била доволно поткрепена, произволна или дека била донесена со друга цел од онаа на остварувањето на автономијата на Католичката црква.
Со оглед на просторот за слободна проценка на државата во овој случај, Судот смета дека мешањето во остварувањето од страна на жалителот на неговото право на почитување на неговиот приватен живот не било несразмерно.
Заклучок: нема повреда (девет гласови против осум).
На овој линк може да се најдат Информативни белешки од судската пракса
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2014
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy