© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка за судската пракса на Судот бр. 147
декември 2011
Finogenov and Others v. Russia - 18299/03
Пресуда 20.12.2011 [Секција I]
Член 2
Позитивни обврски
Член 2-1
Ефикасна истрага
Несоодветна подготовка на операција за спасување заложници и неефикасна истрага: повреди
Член 2-2
Употреба на сила
Смрт на заложници како резултат на употреба на потенцијално смртоносен гас за неутрализирање на напаѓачи кои земале заложници: нема повреда
Факти – Вечерта на 23 октомври 2002 година група вооружени терористи, кои му припаѓале на чеченското сепаратистичко движење, зеле околу 900 заложници во театарот „Дубравка“ во Москва. Апликантите биле заложници или се роднини на оние заложници кои починале во текот на операцијата за спасување. Заложниците биле држени, со вперено оружје во нив, во зградата на театарот, во која бил поставен експлозив. Терористите побарале итно повлекување на руските трупи од Чеченската Република. Биле спроведени преговори и неколкумина заложници биле застрелани. Во меѓувреме, властите основале „кризен штаб“ под команда на Федералната служба за безбедност, која била одговорна за планирање на операција за спасување. Утрото на 26 октомври 2002 година безбедносните сили на Русија низ системот за вентилација на зградата пуштиле во главниот аудиториум непознат наркотичен гас. По неколку минути, кога речиси сите терористи ја загубиле свеста под влијание на гасот, специјалниот вод ја нападнал зградата и повеќето од нив убил. Заложниците тогаш биле евакуирани од зградата и пренесени во болница со амбулантни возила или со градски автобуси. Меѓутоа, околу 125 заложници починале на самото место, во текот на транспортот или во болница. Била отворена кривична истрага за настаните, но подоцна било одлучено да не се спроведува истрага за планирањето и за водењето на операцијата за спасување. Подоцнежните кривични тужби на апликантите и граѓанските постапки за надоместување во однос на нематеријална штета биле одбиени.
Право – Член 2
(a) Применливост – Званичното објаснување за масовната смрт на заложниците било дека сите починати биле ослабени од опсадата или биле сериозно болни. Во официјалниот експертски извештај било заклучено дека нема „директна причинска врска“ меѓу смртта на заложниците и употребата на гасот, кој бил само еден од многуте фактори. Судот смета дека таков заклучок тешко може да се прифати. Тој смета дека е незамисливо 125 лица од различна возраст и во различна физичка состојба да починат речиси истовремено како резултат на различни здравствени проблеми што претходно ги имале. Нивната смрт, исто така, не може да им се припише на условите во кои тие биле држани три дена, во текот на кои ниту едно од нив не починало наспроти продолжената лишеност од храна и вода, придружена со стрес. Владата признала дека не била во можност да ги предвиди ефектите на гасот и дека некои загуби биле неизбежни, што подразбирало дека гасот не бил нештетен. Иако со неговото пуштање намерата веројатно не била да се убијат терористите или заложниците, гасот бил опасен и потенцијално фатален за некого во слаба здравствена состојба, и може слободно да се претпостави дека тој бил примарната причина за смртта на голем број од жртвите. Значи, состојбата спаѓа во опсегот на член 2 од Конвенцијата.
(b) Материјален аспект
(i) Употреба на сила: Апликантите се изјасниле дека заложничката криза можела да биде решене по мирен пат и дека никој не би бил убиен ако властите продолжиле со преговорите. Меѓутоа, Судот забележа дека состојбата во тоа време изгледала мошне алармантна: тешко вооружени специјалци, посветени на својата кауза, кои земале заложници и поставувале нереални барања. Во првите денови од преговорите не бил направен видлив успех и состојбата со заложниците се влошувала. Постоел реален, сериозен и непосреден ризик за масовни човечки загуби и властите имале секаква причина да веруваат дека интервенција со сила е неизбежна. Според тоа, нивната одлука да ги прекинат преговорите и да ја нападнат зградата не била спротивна на член 2.
(ii) Употреба на гас: Иако домашното право дозволува употреба на оружје, опрема за специјална намена и други средства против терористи, не се наведува типот оружје или алат кои би можеле да се употребат или околностите во кои нивната употреба е забранета. Меѓутоа, општата нејасност на правото нужно не резултира со повреда на член 2, особено не во целосно непредвидлива и исклучителна ситуација како што е оваа, која барала одговор приспособен на ситуацијата. Иако гасот што бил употребен бил опасен и потенцијално смртоносен, намерата со неговата употреба не била да убие, и не може да се каже дека тој бил употребен „неселективно“ бидејќи им оставил на заложниците голема шанса за преживување, која зависела од ефикасноста на последователните активности за спасување. Сите докази покажуваат дека гасот го постигнал саканиот ефект врз терористите, предизвикувајќи повеќето од нив да ја загубат свеста, со што се олеснило ослободување на заложниците и се намалила веројатноста од експлозија.
Заклучок: нема повреда (едногласно).
(iii) Планирање и спроведување на операцијата за спасување: Судот, исто така, мораше да испита дали операцијата за спасување била испланирана и спроведена во согласност со позитивните обврски на државата според член 2, особено дали властите ги презеле сите неопходни мерки на претпазливост за да ги минимизираат ефектите на гасот врз заложниците, да ги евакуираат брзо и да им ја дадат неопходната медицинска помош.
Операцијата за спасување не била спонтана бидејќи властите имале околу два дена да ја осмислат и да направат посебни подготовки. Всушност, биле направени одредени подговотовки: биле распоредени стотици лекари, спасувачи и друг персонал, капацитетите за прием во болниците биле зголемени и амбулантните возила биле ставени во состојба на тревога заради можна потреба од масовна евакуација. Меѓутоа, првичниот план за спасување имал недостатоци во повеќе аспекти: изгледа дека немало централизирана координација на различните служби што биле вклучени; не биле дадени упатства за тоа како треба да се врши размена на информациите за жртвите и за нивната состојба (една последица од ова била дека некои жртви добиле повеќекратни дози на противотров); не било јасно кој е редот на приоритетите за медицинските работници, не била обезбедена медицинска помош за време на масовното превезување на заложниците со градски автобуси; и не постоел јасен план за распоредување на жртвите во различни болници, при што тие во значителен број пристигнувале истовремено во иста болница.
Биле воочени проблеми и со спроведувањето на спасувачката операција: со оглед дека првичниот план бил подготвен под претпоставка дека заложниците ќе бидат повредени во експлозија или во престрелки, не бил присутен ниту еден токсиколог, а на спасувачите и на лекарите не им биле дадени посебни упатства за тоа како да постапуваат со заложници кои биле изложени на непознат гас; изгледа веројатно дека тие не биле информирани за употребата на гасот сè додека евакуацијата не била речиси завршена, што би можело да објасни зошто повеќето од евакуираните жртви биле ставени на подот со лицето нагоре, со што се зголемил ризикот од задушување и од починување меѓу заложниците. Всушност, тешко може да се разбере зошто на лекарите и на спасувачите информации за гасот не им биле дадени порано, непосредно пред неговата употреба или барем веднаш откако тој бил употребен, и зошто евакуацијата почнала толку доцна, при што повеќето од заложниците кои биле без свест останале изложени на гас без медицинска помош повеќе од еден час. Исто така, повеќе сведоци потврдиле дека имало недостиг на противотров, а не е јасно ниту кога бил ставан противотровот или како биле разликувани оние кои го примиле од оние кои не го примиле.
Сите овие фактори укажуваат дека спасувачката операција не била подготвена на задоволително ниво и дека државата, според тоа, пропуштила да ги исполни своите позитивни обврски во согласност со член 2.
Заклучок: повреда (едногласно).
(c) Процедурален аспект – Истрагата во однос на операцијата за спасување очигледно била нецелосна. Пред сè, таа била тесно дефинирана, исклучувајќи ја можноста за небрежност од страна на властите. Дури иако иследниците опфатиле одредени прашања во однос на планирањето и спроведувањето на спасувачката операција, многу факти кои се клучни за прашањето на можна небрежност никогаш не биле утврдени. Пред сè, формулата на гасот никогаш не им била обелоденета на иследниците, ниту пак било утврдено кога била донесена одлуката за употреба на гасот и колку време имало на располагање за да се оценат можните несакани ефекти. Исто така, невозможно е тоа да се утврди од работните документи на кризниот штаб бидејќи, според Владата, сите документи биле уништени. Со оглед дека овие документи би претставувале битен извор на податоци за планирањето и за спроведувањето на операцијата за спасување, Судот го смета за неоправдано таквото неселективно уништување на документи. Покрај тоа, иследниците не ги испрашале сите членови на кризниот штаб, особено оние кои биле одговорни за одлуката за употреба на гасот и за пресметување на дозата, или други сведоци, како што се возачи на автобуси, новинари или оние кои наводно помагале да се инсталираат садовите со гас. Никогаш не е утврдено колку лекари биле дежурни дента кога била спроведена операцијата или какви прелиминарни инструкции биле дадени за амбулантните возила и за градските автобуси во однос на тоа каде да ги превезуваат жртвите. Згора на тоа, никогаш не е утврдено зошто масовната евакуација почнала дури два часа по почнувањето на операцијата и колку време било потребно за да се убијат терористите и да се неутрализираат нивните бомби. На крај, истражниот тим не бил независен, бидејќи вклучувал претставници од органите на редот, кои директно биле одговорни за планирањето и за спроведувањето на спасувачката операција. Сè на сè, истрагата за наводната небрежност на властите во случајот не била ниту темелна ниту независна, и според тоа, не била „ефикасна“.
Заклучок: повреда (едногласно).
Член 41: Доделување сума која се движи меѓу 8.800 ЕУР и 66.000 ЕУР на секој од апликантите во однос на нематеријално обештетување.
На овој линк може да се најдат Case-Law Information Notes
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy