© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА ФОЛГЕРО И ДРУГИ против НОРВЕШКА
(Жалба бр. 15472/02)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
29 јуни 2007 год.
Во случајот на Фолгеро и други против Норвешка,
Европскиот суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Жан-Пол Коста (Jean-Paul Costa), претседател,
Лузиус Вилдхабер (Luzius Wildhaber),
Христос Розакис (Christos Rozakis),
Боштјан М. Зупанчич (Boštjan M. Zupančič),
Пиер Лоренцен (Peer Lorenzen),
Франсоаз Тилкен (Françoise Tulkens),
Корнелиу Бирсан (Corneliu Bîrsan),
Нина Вајиќ (Nina Vajić),
Маргарита Цаца-Николовска (Margarita Tsatsa-Nikolovska),
Анатоли Кловер (Anatoly Kovler),
Владимиро Загребелски (Vladimiro Zagrebelsky),
Елизабет Штајнер (Elisabeth Steiner),
Хавиер Борего Борего (Javier Borrego Borrego),
Канлар Хаџијев (Khanlar Hajiyev),
Дин Шпилман (Dean Spielmann),
Свере Ерик Јебенс (Sverre Erik Jebens),
Инета Зимеле (Ineta Ziemele), судии,
и Винсент Бергер (Vincent Berger), правен советник,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 6 декември 2006 г. и 9 мај 2007 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалбата (бр. 15472/02) против Кралството Норвешка поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) на 15 февруари 2002 година од девет норвешки државјани („жалителите“): Г-ѓа Ингебјорг Фолгеро (Ingebjørg Folgerø), г-дин Гаир Тиберо (Geir Tyberø) и нивниот син, Гауте А. Тиберо (Gaute A. Tyberø); г-ѓа Гро Ларсен (Gro Larsen), г-дин Арне Нитра (Arne Nytræ) и нивните два сина, Адриан (Adrian) и Колин Нитра (Colin Nytræ); и г-ѓа Каоролин Мидсем (Carolyn Midsem) и нејзиниот син, Аивинд Т. Фосе (Eivind T. Fosse). Родителите жалители се членови на норвешкото Хуманистичко здружение (Human-Etisk Forbund). На почетокот и Здружението се имаше приклучено на жалбата, но потоа се повлече.
2. Жалителите беа претставувани од г-динот Л. Ставрум, адвокат со пракса во Лилехамер. Во писмената фаза од постапките норвешката Влада („Владата“) беше претставувана од нивниот агент, г-ѓата Е. Холмедал, адвокат, од Врховното обвинителство (граѓански прашања).
3. Овој случај се однесува на жалби поднесени од родители кои не се Христијани. Најпрво се однесува на жалбата согласно членот 8 од Конвенцијата и членот 2 од Протоколот бр. 1 во врска со одбивањето на домашните власти да им дозволат на нивните деца целосно ослободување од задолжителниот предмет по Христијанство, религија и филозофија („Предметот по КРЛ“ – види во параграф 16 долу) кој се предава во рамките на задолжителното десетгодишно образование во Норвешка. Второ, се однесува на нивната жалба на дискриминација спротивно на членот 14 од Конвенцијата земен заедно со гореспоменатите одредби и членот 8.
4. Жалбата најпрво и беше доделена на Третата секција на Судот (правило 52 § 1 од Деловникот на Судот), која на 26 октомври 2004 г. одлучи да ја избрише жалбата од својата листа на случаи што се однесува до Хуманистичкото здружение и да прогласи делови од жалбата за недопуштени. Затоа, жалбата и беше доделена на Првата секција. На 14 февруари 2006 г. била прогласена за делумно допуштена од Судскиот совет на таа Секција составен од Христос Розакис, Лукис Лукаидес, Франсоаз Тилкен, Елизабет Штајнер, Канлар Хаџијев, Дин Шпилман, Свере Ерик Јебенс, судии и Сорен Нилсен, секретар на Секцијата. На 18 мај 2006 г. Судскиот совет на таа Секција составен од Христос Розакис, Франсоаз Тилкен, Анатоли Кловер, Елизабет Штајнер, Канлар Хаџијев, Дин Шпилман, Свере Ерик Јебенс, судии и Сорен Нилсен, секретар на Секцијата се откажаа од јуриздикцијата во корист на Големиот судски совет на што ниедна од странките не приговори (член 30 од Конвенцијата и правило 72).
5. Составот на Големиот судски совет беше утврден според членот 27 §§ 2 и 3 од Конвенцијата и правилото 24. Лузиус Вилдхабер, чиј мандат истекол по претседавањето со расправата, продолжи да учествува во испитувањето на случајот (член 23 § 7).
6. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 6 декември 2006 година (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(a) за Владата
Г-ѓаТ. Стеен (T. Steen), адвокат, Врховно обвинителство
(граѓански прашања),агент,
Г-ѓаХ. Холмедал (E. Holmedal), адвокат, Врховно обвинителство
(граѓански прашања),
Г-динГ. Мант (G. Mandt), директор, Министерство за образование и истражувачка дејност,
Г-дин Б. Гјефсен (B. Gjefsen), постар советник, Министерство за образование и истражувачка дејност, советници;
(б) за жалителите
Г-динЛ. Ставрум (L. Stavrum), адвокат,адвокат,
Г-динК. Рогнлиен (K. Rognlien), адвокат,
Г-ѓаБ. Сандвиг (B. Sandvig),
Г-ѓаТ. Николаисен (T. Nikolaisen),советници.
Судот ги сослуша обраќањата на г-дин Ставрум и г-ѓа Стеен.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
7. Актуелнава жалба беше поднесена од родители кои се членови на норвешкото Хуманистичко здружение (Human-Etisk Forbund), и нивните деца, кои биле ученици во основно образование во времето на настаните за кои е поднесена жалбата во овој случај: г-ѓа Ингебјорг Фолгеро (родена во 1960 г.), г-дин Гаир Тиберо (роден во 1956 г.) и нивниот син, Гауте А, Тиберо (роден во 1987 г.); г-ѓа Гро Ларсен (родена во 1966 г.), г-дин Арне Нитра (роден во 1963 г.) и нивните два сина, Адриан Нитра (роден во 1987 г.) и Колин Нитра (роден во 1990 г.); г-ѓа Каоролин Мидсем (родена во 1953 г.) и нејзиниот син, Аивинд Т. Фосе (роден во 1987 г.). На почетокот Здружението се имаше приклучено на жалбата, но потоа се повлече.
8. На 26 октомври 2004 г. Судот ја избриша жалбата што се однесува до Здружението и ја прогласи жалбата за недопуштена по основ на неисцрпеност во врска со децата на жалителот (од кои причини терминот „жалители“ кој се користи на други места во оваа пресуда се однесува на родителите на жалителот). Судот исто така забележа дека додека родителите жалители се жалеле во однос на Конвенцијата конкретно за отсуство на правото на целосно ослободување од предметот по КРЛ (види во параграф 16 долу), а тие исто така пред Судот ги оспориле ограничените можности и модалитети за стекнување на делумно ослободување. Меѓутоа како што може да се види од пресудата на Врховниот суд, тужбата на родителите жалители и жалбата до Врховниот суд биле насочени против предметот по КРЛ и неговата општа примена. Врховниот суд не нашол основ да утврди дали децата на жалителот биле вклучени во наставата на начин со кој биле прекршени релевантните договори за човекови права. Во контекст на претходното, Судот одлучил дека родителите жалители не ги исцрпиле домашните правни лекови согласно членот 35 § 1 од Конвенцијата во врска со нивната жалба за можностите и модалитетите за добивање делумно ослободување од предметот по КРЛ и го прогласил овој дел од жалбата на родителите за недопуштен.
Во својата последователна одлука за допуштеноста од 14 февруари 2006 г. Судот одлучил дека при испитувањето на прашањето во врска со целосното ослободување, гореспоменатите ограничувања во однос на опсегот на случајот што произлегле од одлуката од 26 октомври 2004 г. не го спречиле да ги земе во предвид општите аспекти на договорот за делумно ослободување, имено во контекст на жалбата на родителите согласно членот 14 од Конвенцијата.
А. Фактичка позадина на случајот пред нас
9. Норвешка има државна религија и државна црква каде 86% од населението се нејзини членови. Членот 2 од Уставот уредува дека:
„Секој што живее во Кралството ужива слобода на вероисповед.“
Евангелистичко-лутеранската вероисповед останува официјална религија на државата. Жителите кои се нејзини верници се обврзани да ги образуваат своите деца во тој дух.“
10. Наставата по христијанска вероисповед е дел од норвешкиот наставен план од 1739 г. Од 1889 г. наваму членовите на другите религиозни заедници различни од Црквата на Норвешка имаат право да бидат ослободени во целост или делумно од наставата по христијанска вероисповед.
1. Поранешниот Закон за задолжително образование од 1969 г.
11. Во врска со усвојувањето на поранешниот Закон за задолжително образование од 1969 г. (lov om grunnskolen, 13 јуни 1969 г., бр. 24, во понатамошниот текст „Законот од 1969 г.“), Парламентот одлучил дека наставата по христијанска вероисповед треба да биде одвоена од наставата на Црквата и да има за цел да подучува за главната содржина од историјата на Библијата, главните настани од историјата на Црквата и основите познавања за Евангелистичко-лутеранската вера за децата (член 7(4) од Законот).
12. Согласно „клаузулата за христијанската цел“ (den kristne formålsparagraf) во членот 1 од Законот:
„Основното училиште, со знаење и соработка на семејството, ќе помогне во обезбедувањето на христијанско и морално образование за учениците и во развивањето на нивните способности, како духовни така и физички, како и за да им се даде добро општо знаење за тие да станат корисни и независни човечки суштества како дома така и во општеството.
Училиштето ќе промовира духовна слобода и толеранција и ќе стави акцент на креирањето на добри услови за соработка меѓу наставниците и учениците и меѓу училиштето и семејството.“
13. Од наставниците се бара ја изведуваат наставата во согласност до Евангелистичко-лутеранската вера (член 18(3), усвоен во 1971 г.).
14. Согласно Членот 12(6) од Законот од 1969 г. децата на родители кои не биле членови на Црквата на Норвешка имале право, на барање на родителите, да бидат ослободени во целост или делумно од часовите по христијанска вероисповед. На учениците кои биле ослободени можело да им се понуди настава по филозофија.
2. Реформа
15. Меѓу во 1993 г. и 1997 г. имало процес на реформи на задолжително основно и средно образование. Во пролетта 1993 г. Парламентот одлучил да ја намали возраста за започнување со училиште од седум на шест години и следната пролет го продолжила задолжителното образование од девет на десет години. Новиот наставен план бил претставен во Парламентот. Мнозинството во Парламентарната комисија за црковни прашања, образование и истражувачка дејност предложила Христијанството, другите религии и филозофијата да бидат предавани заедно. Таа ја нагласила важноста за обезбедување на отворена и инклузивна училишна средина без разлика на општественото потекло на учениците, нивната вероисповед, националност, пол, етничко потекло или функционална способност. Училиштето требало да биде место каде различните гледишта ќе се среќаваат. Учениците со различни религиозни и филозофски убедувања требале да се сретнат и да се запознаат со размислувањата и традициите на другите. Училиштето не требало да биде арена за проповедање или мисионерска работа. Било забележано дека од 1969 г. наставата по христијанска вера била издвоена од христијанското учење на државната Црква. Предметот требал да даде познавање и увид но не требал да биде алатка на религиозно проповедање. Мнозинството во Комисијата понатаму сметала дека требале да се разработат насоки за ослободување за да се постигне униформирана пракса и дека малцинските групи требале да бидат консултирани. Ослободувањето требало да биде ограничено на делови од предметот, особено материјалот со исповеднички карактер и учество во ритуали.
16. Последователно била претставена бела книга (St.meld. nr. 14 for 1995-96) за Христијанството, религијата и филозофијата (kristendomskunnskap med religions- og livssynsorientering, во понатамошниот текст „предметот по КРЛ“), во која Министерството за црковни прашања, образование и истражување (Kirke-, utdannings- og forskningsdepartementet; од 1 јануари 2002 г. Министерство за образование и истражување (Utdannings- og forskningsdepartementet) – во понатамошниот текст „Министерството“) ги дала следниве насоки за ослободување:
„Ниеден ученик не смее да се чувствува дека да се биде ослободен е непријатно или стигма;
Ниеден ученик не смее да биде притискан да биде издвоен како претставник на одредена филозофија на живеење и затоа училиштето треба да постапува со големо внимание во училницата или на училиште при спроведувањето на барањето за ослободување;
Не треба да биде автоматско за одредени ученици да бидат ослободени од одредени делови на наставната програма;
Доколку околностите сами по себе се прикладни за тоа и родителите/ученикот го сакаат тоа, позадината и причините за ослободување можат да се земат во предвид на часовите.
Ослободувањето не значи слобода да се биде неук ...“
17. Мнозинството на гореспоменатата парламентарна комисија го усвоила наставниот план во поголемиот дел и посочила дека Христијанството требало да го претставува централниот дел од предметот по КРЛ (Innst.s.nr 103 for 1995-96). Понатаму се вели:
„Мнозинството исто така нагласиле дека наставата не треба да е неутрална во однос на вредностите. Целта дека наставата не треба да биде проповедање никогаш не треба да се толкува дека тоа значи дека таа треба да се појави во религиозен/етички вакуум. Целокупната настава и образование во нашите основни училишта ќе ја земат клаузулата за целта на училиштето како почетна точка и, во рамките на овој предмет, Христијанството, другите религии и филозофијата ќе бидат претставени според нивните сопствени одлики. Предметот треба да стави акцент врз учењето на христијанството.“
18. Еден предложил дека сите основци треба да имаат право на целосно ослободување од предметот по КРЛ и на алтернативна настава.
19. Во текот на подготовката на измените и дополнувањата на законот Министерството го ангажирал г-динот Е. Мосе, во тоа време судија на Високиот суд, да го оцени задолжителното образование по предметот по КРЛ од агол на обврските на Норвешка согласно јавното меѓународно право. Во неговиот извештај од 22 јануари 1997 г. тој заклучил:
„Клаузулата за целта на Законот за основно образование, било да била земена издвоено или заедно со членот 2 од Уставот и други посебни правила за Црквата и училиштата, не обезбедува основа да се заклучи дека наставата по Христијанство во рамките на новата наставна програма од законска потреба ќе стане воспитно или влијателно проповедање во корист на Евангелистичко-лутеранската вероисповед. Законодавното тело може да одбере да даде одредба за образование во форма на проповедање на ученици кои се од оваа вероисповед, но не за други. Тоа нема да биде доследно на меѓународните одредби и членот 110в од Уставот кој се однесува заштита на човековите права.
Она што произлегува од правниот аспект, од одреден доста нејасен концепт на ‘исповедната основа’ е дека природната последица на системот на Државната црква е дека законодавното тело дозволува наставата по религија или филозофија да вклучува евангелистичко-лутерански мисли, не други форми на Христијанство. Законот за новиот предмет, што вклучува дел од Христијанството, го одбра ова. ... Решението бидејќи мнозинството од населението во Норвешка и припаѓаат на оваа вероисповед. Очигледно е мотивиран од објективни причини. Не може да се отфрли од договорите за човекови права, ако наставата да биде плуралистичка, неутрална и објективна.“
20. Што се однесува до прашањето на ослободувањето од предметот по КРЛ, г-динот Мосе се изјаснил:
„Во оваа ситуација како што произлегува јас сметам дека општото правило за ослободување би било најсигурната опција. Ова би значело дека меѓународните тела за ревидирање нема да спроведат подетално испитување на трновитите прашања што задолжителното образование ги наметнува. Меѓутоа, не можам да кажам дека делумното ослободување би значело повреда на конвенциите под услов примената на системот да потпадне во рамките на релевантните обврски од договорот. Многу ќе зависи од понатамошниот законодавен процес и начинот на спроведување на предметот.“
21. Членовите 7 и 13 од Законот од 1969 г. биле изменети со Закон од 19 јуни 1997 г. (бр. 83), кој стапил на сила на 1 јули 1997 г. Новата одредба, плус клаузулата за целта слична на членот 1 од поранешниот Закон од 1969 г. биле последователно вклучени во членовите 2-4 и 1-2 во однос на Законот за образование од 1998 г. (Lov om grunnskolen og den videregående opplæring av 17. juli 1998 nr. 61 – “Законот за образование од 1998”), кој стапил на сила на 1 август 1999 г.
22. Членот 1-2(1) уредува:
„Предметот на основното и нижото средно образование во согласност и соработка со семејството ќе им помогне на учениците да им се даде христијанско и морално воспитание за да ги развијат своите ментални и физички способности, и да им се даде добро општо знаење за да можат да станат корисни и независни човечки суштества дома и во општеството.“
23. Членот 2-4 вели:
„Наставата по Христијанство, религија и филозофија ќе
(i) пренесе темелно знаење за Библијата и Христијанството во формата на културно наследство и евангелистичко-лутеранската вера;
(ii) пренесе познавање на други христијански заедници;
(iii) пренесе знаење за други светски религии и филозофии, и етички и филозофски предмети;
(iv) промовира разбирање и почитување за христијанските и хуманистичките вредности; и
(v) промовира разбирање, почитување и способност да се одржи дијалог меѓу луѓето со различни сфаќања и верувања.
Наставата по Христијанство, религија и филозофија претставува обичен школски предмет кој вообичаено ги поврзува сите ученици. Предметот нема да се предава на проповеднички начин.
Лице кое предава Христијанство, религија и филозофија како почетна точка ќе ја земе клаузулата за целта од членот 1-2 и треба да ги претстави Христијанството, различните религии и филозофијата од преглед на нивните посебни карактеристики. Истите педагошки принципи ќе се применуваат за наставата по различни предмети.
На ученикот, со поднесувањето на писмената белешка од родителот, ќе му се дозволи ослободување од оние делови од наставата во даденото училиште што од гледна точка на нивната сопствена религија или филозофија на живеење, сметаат дека достигаат ниво на практикување на друга религија или почитување на друга филозофија на живеење. Ова меѓу другото се однесува на религиозни активности во рамките или надвор од училницата. Во случај со родителска белешка да се бара ослободување, училиштето во рамките на своите можности ќе се обиде да најде решенија за да ја олеснат диференцираната настава во рамките на наставниот план во училиштето.“
24. Од travaux préparatoires може да се види дека изразот на „религиозните активности“ требаше да ги опфатат, на пример, молитви, псалми, учење на религиозни текстови на памет и учество во драми од религиозна природа.
25. Во согласност со циркуларното известување на Министерството од 10 јули 1997 г. (F‑90‑97), белешката од родителот до училиштето со која се бара ослободување, треба да ги содржи причините за кои сметале дека достигнале практикување на друга религија или придржување кон друга филозофија на живеење. На ученикот треба да му се даде ослободување откако родителите ќе ги посочат причините. Доколку барањето е одбиено, родителите имале право да се жалат до Државното биро за образование во засегнатата земја. Жалбата се доставувала преку училиштето, кое потоа имало шанса да ја смени својата одлука.
26. Барањето да се дадат причини понатаму беше конкретизирано со министерското циркуларно известување од 12 јануари 1998 г. (F-03-98), според кое не биле потребни никакви причини за да се ослободи некој од јасно религиозни активности. Надвор од тоа, што се однесува до прашањата што биле надвор од главното правило за дозволување на ослободување, построги услови се применувале во однос на причините.
27. Во врска со подготовката на предметот по КРЛ, здруженијата кои ги претставувале малцинските убедувања силно приговарале, имено дека во предметот доминирало евангелистичко-лутеранското Христијанство и содржел елементи на проповедање. Норвешкото Хуманистичко здружение коментирало, меѓу другото дека предметот имал исповедничка основа (konfesjonsforankring) и дека можноста предвидена за добивање на ослободување само од делови на предметот била несоодветна. На својот национален конгрес во мај 1997 г. Здружението одлучило да го повика Парламентот да го отфрли предлогот на Владата за ограничување на правото на ослободување.
28. Од есента 1997 г. предметот по КРЛ постепено бил воведуван во наставниот план на основните училишта, заменувајќи го предметот по Христијанство и филозофија на живеењето. Во текот на училишната година 1999/2000 предметот бил воведен на сите нивоа.
3. Оценки на предметот по КРЛ
29. На 18 октомври 2000 г. Министерството издало соопштение за печатот за завршувањето на два извештаи за проценка на предметот по КРЛ, еден насловен „Искуствата на родителите, учениците и наставниците со предметот по КРЛ“ (Foreldres, elevers og læreres erfaringer med KRL-faget), изготвен од Норск Лареракадеми, а другиот насловен „Предмет по сечиј вкус? Оценка на предметот по КРЛ“ (Et fag for enhever smak? En evaluering av KRL-faget) од Хогскулен и Волда и Диафорск. Парламентот побарал да се изготви испитување за спроведувањето на правилата за ослободувањето после тригодишен период. Обата извештаи заклучиле дека аранжманот со делумното ослободување не функционирал како што требало и затоа требал да биде ревидиран. Вториот извештај ги наброил следниве „Главни заклучоци“:
„Во овој дел од нашиот извештај дискутиравме дали постои усогласеност меѓу намерите, принципите и шемите за ослободување од КРЛ од една страна и неговата практична примена во училиштата во цела земја од друга страна и дали родителските права може да се каже дека се обезбедени кога шемата на настава и ослободување се организирани на таков начин. Перспективата на родителските права, што е од централна важност за мандатот на проектот, направи да е неопходно да се фокусира особено на искуствата што различните групи на родители ги имале со предметот и со шемата на ослободување.
Ако сите работи се земат во предвид треба да се каже дека голем број од родителите со кои сме биле во контакт, кои и припаѓаат на Црквата на Норвешка се задоволни од предметот или немаат некакво силно мислење за него. Меѓутоа наидовме на силен отпор на важните аспекти на предметот кај други групи на родители. Трајната антипатија кон предметот од родителите кои припаѓаат на религиозни/верски малцинства значи дека КРЛ тешко дека може да се каже дека интегрира и вклучува како што се планирало.
Главните и емпириски истражувања обезбедуваат основи за следниве главни заклучоци:
1. Постои широка согласност меѓу родителите дека е важно да се има одредена заедничка настава по предметот во врска со различните религии и верувања, но не постои договор за
• тоа каква треба да биде содржината и целите на заедничката настава;
• во која година учениците треба да учат за религии различни од нивната.
2. Во пракса некои од намерите на предметот се обезбедени во сите анкетирани училишта, но во ниедно од нив не се обезбедени сите основни намери. Недоволното спроведување на централните намери на предметот можат да се објаснат со
• тензии во самиот опис на предметот и меѓу различните намери кои се во основата на предметот, со што е тешко да се спроведат;
• немање на ресурси и проблеми со спроведувањето на однапред претпоставените промени во училиштата.
3. Актуелната шема на ослободување не функционира така што родителските права да се обезбедени во пракса. Ова е заради следниве причини меѓу другото:
• информациите што училиштата ги даваат за шемата за ослободување на многу начини не одговараат на заштитата на можноста за ослободување;
• информациите дадени за часовите по КРЛ се од премногу општа природа за родителите да можат да известат за својата намера во врска со ослободувањето. На пример, информациите за работните методи едвај и да се даваат. Покрај тоа, наставните планови генерално доаѓаат предоцна за родителите да имаат практична шанса да побараат ослободување;
• училиштата ги толкуваат правилата за ослободување премногу строго споредено со појаснувањата дадени и од Парламентот и од Министерството. На пример, ослободувањето честопати се дозволува само во однос на оние активности кои се ‘јасно религиозни активности’. Исто така неколку училишта пријавиле однос кој давал впечаток дека е практично невозможно да се даде ослободување;
• училиштата нудат многу малку диференцирана настава за учениците кои треба да бидат ослободени од делови од предметот, и учениците кои се ослободени главно седат пасивно во училницата;
• покрај ова, повеќе родители кои зборуваат малцински јазик немаат доволно познавање на јазикот за да ги остварат своите права иако би сакале ослободување. Во многу случаи ова предизвикува недоверба во односите училиште/дом. Значителен број на родители со малцинско потекло велат дека сакаат целосно ослободување но нема да го применат бидејќи се плашат од конфликт со училиштето што може да им наштети на нивните деца;
• интеграцијата на темите и предметите му помага на КРЛ да стане невидлив во распоредот на часови така што во пракса е многу тешко да се побара ослободување.
4. Треба да се воведат промени кои сепак ќе обезбедат одредена настава за целата паралелка, а притоа да се обезбеди остварување на правата на родителите. Ова се чини дека е можно само под одредени услови.
• Треба да се договори олеснување на наставата за различните религии и верувања и промовирање на дијалог и взаемна почит во некаква настава за целата паралелка. Напори најверојатно треба да се вложат за да се има флексибилни модели кои можат да бидат прилагодени на посебните услови кои доминираат во пониските одделенија на основното образование, горните одделенија на основното образование и пониските класови на средното образование во различни делови од земјата и за различни групи на ученици;
• Разгледувајќи ги проблемите кои сега ги гледаме во неколку училишта треба да е можно да се предвиди целосно ослободување. Ова ќе биде најбезбедното решение во однос на меѓународните конвенции и исто така веројатно она што долгорочно ќе биде најпогодно за да се обезбеди поддршка и легитимитет за предмет којшто е фокусиран на религија и верување.
Утврдивме дека варијациите што ги утврдивме во наставата во различни делови од земјата, во некои училишта и во различни паралелки ни даваат причина да прашаме дали КРЛ е еден или повеќе од еден нов предмет.“
Б. Судските постапки покренати од некои од жалителите
30. Во меѓувреме на 14 март 1998 г. Норвешкото хуманистичко здружение заедно со осум пара на родители кои биле членови на Здружението и чии деца посетувале основно училиште иницирале постапка пред Градскиот суд на Осло (byrett) во врска со административните одбивања на барањата на родителите за целосно ослободување од наставата по предметот по КРЛ. Тие тврделе дека одбивањето за целосно ослободување значело повреда на правата на родителите и децата согласно членот 9 од Конвенцијата и членот 2 од Протоколот бр. 1 земени поединечно или во врска со членот 14. Тие исто така се повикале, меѓу другите одредби, на членовите 18 и 26 од Меѓународниот пакт на Обединетите нации за граѓански и политички права од 1966 г. и членот 13 § 3 од Меѓународниот пакт на Обединетите нации за економски, социјални и културни права од 1966 г.
31. Со пресуда од 16 април 1999 г. Градскиот суд го одбил приговорот на државата дека Здружението немало правен интерес и оттука немал правна позиција. Меѓутоа, во однос на суштинските прашања Градскиот суд одлучил во корист на државата и го отфрлил барањето.
32. Здружението и родителите се жалеле до Високиот суд на Боргартинг (lagmannsrett), кој со пресуда од 6 октомври 2000 г. ја потврдил пресудата на Градскиот суд.
33. На дополнителна жалба на жалителите, Врховниот суд (Høyesterett), со пресуда од 22 август 2001 г., едногласно ја отфрлил жалбата што се однесувала на Здружението по основ дека немало доволен правен интерес за да се поддржи случајот. Што се однесува до другите жалители, тој едногласно ја отфрлил нивната жалба и ја потврдил пресудата на Високиот суд.
34. Според неговото резонирање, одобрено главно од други четворица судии кои заседавале за случајот, првиот судија што гласал, г-динот судија Станг Лунд, изјавил на самиот почеток дека „случајот се однесува на валидноста на административните одлуки со кои биле одбиени барањата на родителите за целосно ослободување на нивните деца од предметот по КРЛ во основното и средното образование“. Тој го дефинирал прашањето да биде утврдено како „дали наставата по предметот по [КРЛ] со ограничено право на ослободување [била] спротивна на меѓународните законски обврски на Норвешка за заштита, меѓу другото, на слободата на вероисповед и верување“.
35. Затоа г-динот судија Станг Лунд направил опширна анализа на законодавната историја и позиција согласно меѓународното право во делот на човековите права, имено релевантните одредби и прецедентното право на Европската конвенција и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права од 1966 г. („ИЦЦПР“). Осврнувајќи се од друга страна на релевантните одредби на Законот за образование од 1998 г. г-динот судија Станг Лунд ги дал следниве забелешки за клаузулата за христијанската цел во членот 1-2(1).
„Клаузулата за целта се однесува на целата настава во основните и нижите средни училишта. Одредбата е општа, а нејзиниот опсег може да е тешко да се утврди. Таа може да наметне прашања во врска со одредбите на Конвенцијата што се однесуваат на слободата на религиозните и родителските права; види судија Мосе, страници 35 et seq. од Предлогот бр. 38 (1996-97) на Odelsting [поголемиот дом на Парламентот]. Што се однесува до предметот по КРЛ, на одредбата мора да се гледа поврзано со членот 2-4(2), кој утврдува дека овој предмет е дел од нормалното школување за сите ученици, и дека наставата по предметот нема да вклучува проповедање. Клаузулата за целта мора да се толкува и применува на таков начин што не е во конфликт со конвенциите коишто се инкорпорирани во согласност со членот 2 (види исто така во член 3) од Законот за човекови права.
Како резултат на промените и измените и дополнувањата во наставната програма и националните стандардни наставни планови со тек на време ‘Христијанско и морално воспитание’ мора да се толкува со значење дека на христијанските и хуманистичките вредности треба да се разгледуваат во меѓусебна врска. И христијанските и хуманистичките традиции ја нагласуваат важноста на вистината, човечкото достоинство, милосрдието, демократијата и човековите права. Ова се вредности кои се заеднички за речиси сите во Норвешка, без разлика на религијата и филозофијата на живеење. Конвенциите не бараат наставата во училиштата да биде неопходно неутрална; види во пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот на Кјелдсен, Буск Мадсен и Педерсен против Данска (Kjeldsen, Busk Madsen and Pedersen v. Denmark 7 December 1976, § 53, Series A no. 23).
Клаузулата за целта утврдува дека целото образование на училиште ќе се одвива во соработка и со согласност со семејството. Секој напор на наставниците од основните и нижите средни училишта да им се помогне на децата да добијат христијанско воспитание може да се направи само со согласност од родителите и во соработка со домот. Толкувана на ваков начин, одредбата не е некомпатибилна со членот 9 од Европската конвенција и членот 18 §§ 1 до 3 од ИЦЦПР во врска со слободата на мислење, совест и вероисповед или со членот 2 од Протоколот бр. 1 од Европската конвенција и членот 18 § 4 од ИЦЦПР во врска со родителите. Упатувањето на клаузулата за целта во членот 2-4(3) кој пропишува наставниците по предметот по КРЛ да ја земат клаузулата за христијанската цел за основното и нижото средно училиште како нивна појдовна точка така што нема никаква независна важност во однос на прашањето дали има повреда на конвенциите.“
36. Што се однесува до членот 2-4(1) до (3) од Законот за образование од 1998 г. г-динот судија Станг Лунд го изјавил следново.
Жалителите нагласија дека Законот бара наставата да им даде на учениците темелно знаење за Библијата и Христијанството во форма на културното наследство и евангелистичко-лутеранската вера, а притоа едвај да бара познавање на други светски религии, верувања и етички и филозофски теми.
Упатувам на фактот дека може да се заклучи од праксата на Европскиот суд за човекови права дека земјите потписнички самите одлучуваат за опсегот и содржината на наставата; види Kjeldsen, Busk Madsen and Pedersen, цитиран горе, § 53, и Valsamis v. Greece, 18 December 1996, § 28, Reports of Judgments and Decisions 1996‑VI. Оттука членот 9 од ЕКЧП и членот 2 од Протоколот бр. 1 не исклучуваат задолжителна настава по содржината на различни религии и верувања и историјата на религиите и етиките, под услов таквата настава да биде објективна, критичка и плуралистичка. Во оваа насока јас упатувам на мојот претходен преглед и резиме на одлуки и коментари на телата на конвенцијата. Задолжителната настава мора да опфаќа различни религии и верувања. Поголемиот акцент што се става на членот 2-4(1) за познавањето на Христијанството отколку на познавањето на другите религии и верувања по мое мислење е во рамките на слободното одлучување договорено со конвенциите на земјите потписнички. Условот дека задолжителната настава мора да биде објективна, критичка и плуралистичка не може да се протолкува дека значи дека мора да постои конкретна, сразмерна поделба на наставата меѓу различните религии и различни филозофии на живеење. Во контекст на историјата, културата и традициите на поединечната земја потписничка, мора да е прифатливо за одредени религии или верувања да бидат подоминантни од другите.
Индоктринација или други проповедања на одредена религија или конкретна филозофија на живеење ќе бидат спротивни на Европската конвенција и ИЦЦПР; види Кјелдсен, Буск Мадсен и Педерсен, цитиран горе, § 53 и Валсамис, цитиран горе, § 28 и точка 6 од коментарот на Комитетот за човекови права на Обединетите нации од 20 јули 1993 г. Соодветно на тоа, членот 2-4(2) од Законот за образование пропишува дека наставата по предметот по КРЛ нема да вклучува проповедање.
Жалителите, поддржани, меѓу другото од извештајот на судијата Мосе (стр. 29 од Предлогот бр. 38 (1996-97) до Odelsting), тврделе дека наставата која пренесува одредено религиозно гледиште на начин што подложи да влијае на учениците да присвојат одредена вера исто така претставува повреда на одредбите од Конвенцијата во врска со слободата на вероисповед и родителските права. Јас се согласувам дека таквото комуницирање може да вклучува повреда. Меѓутоа, изразот ‘подложен’ може да се протолкува на начин на кој може да се даде поголем опсег од оној што произлегува од одлуките на Европскиот суд за човекови права. Затоа ќе се држам до критериумите кои биле развиени во праксата на Судот. Во врска со воведувањето на предметот по КРЛ, travaux préparatoires покажуваат дека Министерството и мнозинството во Парламентот биле крајно засегнати за да нагласат дека предметот требало да биде обичен школски предмет за сите ученици. Ова изречно било изнесено во формулацијата на Законот; види член 2-4(2), првата реченица. Законодавецот исто така се изјаснил дека предметот по КРЛ ќе биде предмет дизајниран да обезбеди знаење; види, на пример, на страница 6, втора колона и на страница 10 од Предлогот бр. 38 (1996-97) до Odelsting. Членот 2-4(3) уредува Христијанството, другите религии и филозофии на живеење да бидат претставени на основа на нивните дистинктивни одлики. Од друга страна, Парламентарната постојна комисија за образование, истражувачка работа и црковни прашања се произнела дека наставата немало да биде ценета како неутрална; види на страница 4 од Препораката бр. 103 (1995-96) до Парламентот. Ова само по себе не може да биде спротивно на конвенциите со оглед дека, како што утврдив претходно, ниту ЕКЧП ниту ИЦЦПР се толкуваат со значење дека наставата ќе биде неутрална што се однесува до вредностите.“
37. Што се однесува до членот 2-4(4) од Законот за образование од 1998 г. г-динот судија Станг Лунд одлучил дека доколку се толкува во контекст на релевантните одредби од Конвенцијата и ИЦЦПР и членот 3 од Законот за човекови права мора да се разбере во смисла дека учениците имале право да бидат ослободени и дека нивните родители не биле обврзани да ги остават своите деца да ја следат наставата по религија и филозофија која ја сметале за проповедање и индоктринација во смислата на тие договори. Затоа децата можеле да отсуствуваат од тие часови. Прашањето дека голем дел од наставната програма би била погодена на овој начин ќе морал да се реши во секој поединечен случај во зависност од тоа како наставата била планирана и спроведена. Според гледиштето на г-динот судија Станг Лунд одредбата за ослободување не била спротивна на ниедно од условите што се однесуваат на религиозната слобода и родителските права. Барањето на Конвенцијата наставата да биде објективна, критичка и плуралистичка не го спречувало задолжителното образование во однос на содржините за различните религии и филозофии на живеење или да и даде на одредена религија или филозофија, со оглед на историјата на земјата потписничка, поистакнато место од другите. Како што веќе е споменато, Законот за образование од 1998 г. уредувал дека предметот требало да биде обичен школски предмет. Според подготвителните документи требало да биде предмет заснован на знаење. Законот барал наставата да биде неутрална и без проповедање. Затоа не се чинело дека одредбите во членот 2-4 во врска со содржините на наставата биле спротивни на Конвенцијата.
38. Г-динот судија Станг Лунд понатаму сметал дека делови од наставниот план (Наставниот план за задолжителното десетгодишно школување, издаден од Министерството во 1999 г., во понатамошниот текст „Наставниот план“), според поднесокот на жалителот, ја претпочитал христијанската вера и влијаел на учениците да се одлучат за Христијанството. Во врска со меѓународните обврски на Норвешка Наставниот план, којшто имал правна основа во членовите 2-6 и 2-8 од Законот за образование од 1998 г. и релевантната регулатива од 28 јуни 1999 г. го имал истиот правен статус како и останатата регулатива. Меѓутоа, тој забележал, дека она што било важно е тоа дека учениците го согледувале плуралитетот на убедувањата и мислењата и дека наставата не претставувала една вера како супериорна над останатите. Тој сметал дека е прифатливо со оглед на историјата, културата и традицијата на државата потписничка една или повеќе религии или филозофии на живеење да добијат поистакнато место од другите.
39. Што се однесува до приговорите на жалителите дека на учениците се влијаело преку употребата на слики, песни, драма, музика и приказни од Библијата и религиозни текстови, г-динот судија Станг Лунд одлучил дека морало да постои можност на учениците да им се пренесат на неутрален начин традициите и „начините за пренесување на знаење“ (måte å formidle på) на различните религии без да се противречи на меѓународното право за човекови права. Наставниот план ставал посебен акцент на отвореноста, сфаќањето, почитувањето и дијалогот и на промовирањето на разбирање и толеранција во дискусиите за религијата и моралните прашања и забрана за проповедање. Во рамките на Наставниот план наставата по предметот по КРЛ можела да се спроведе без никаков конфликт со релевантните одредби на меѓународното право за човекови права.
40. Што се однесува до аргументот на жалителите дека училишните прирачници, имено томовите 2, 3, 5 и 6 од Мостови, достигнале ниво на проповедање и можеле да влијаат на учениците, г-динот судија Станг Лунд забележал дека додека неколку дефиниции на проблемите и формулациите што се користат во Мостови би можеле да се сфатат како христијанската вера да го дава одговорот на етичките и моралните прашања, никакви дополнителни информации не биле поднесени до Врховниот суд за тоа како е планирана и спроведувана наставата по овој материјал.
41. Во овој контекст г-динот судија Станг Лунд забележал дека тужбата и жалбата на жалителите до Врховниот суд била директно насочена против предметот по КРЛ и, генерално, неговото спроведување. Аргументот и доказите изнесени во врска со секоја одлука да се одбие целосно ослободување имал за цел да нагласи како предметот функционирал генерално. Жалителите не навлегле подлабоко во валидноста на поединечната одлука. Со оглед на начинот на кој случајот бил презентиран, немало никаков основ да се утврди дали децата на жалителот биле вклучени во наставата на начин со кој биле прекршени релевантните договори за човекови права. Случајот се однесувал на валидноста на одлуките со кои се одбивало целосно ослободување од наставата по КРЛ. Жалителите не покажале дека било можно наставата да била планирана и спроведена на начин, кој во согласност со овие конвенции барала, гарантирала ослободување од сите предавање по предметот во прашање.
42. Конечно, г-динот судија Станг Лунд го разгледал и аргументот за дискриминација.
„Согласно членот 2-4 од Законот за образование, родителите морале да испратат писмено известување за нивното дете да биде ослободено од делови од наставата во училиштето. Дури и ако барањата за ослободување најверојатно ќе се однесуваат на делови од предметот по КРЛ, ограниченото право на ослободување важи за сите предмети и активности. Законот не стипулира дека во барањето мора да се наведат основи. Праксата што се однесува до барањето на основи варира до денешен ден.
Државата тврдеше дека наставата во основните и нижите средни училишта е во значителна мерка поделена на тематски единици кои ги надминуваат границите на предметот. Со оглед дека делови од предметот по КРЛ се интегрирани со други предмети, целосно ослободување од наставата по предметот по КРЛ нема да биде доволно. Исто така државата смета дека предметот по КРЛ покрива многу теми коишто не даваат основ за ослободување било согласно конвенциите или членот 2-4(4). Системот на ослободување е дизајниран и применуван на таков начин што содржината на наставата е одлучувачки фактор. Затоа според гледиштето на државата забраната против дискриминацијата наметната од конвенциите не може да се применува за барања во врска со одредбата за основите за примена на ослободувањето.
Министерството го објаснил условот што се однесува на основите и насоките за ослободување во две циркуларни известувања. Во циркуларното известување Ф-90-97 со датум од 10 јули 1997 г., страница 5, Министерството вели:
‘Кога родителите бараат ослободување, до училиштето за оваа цел треба да биде доставено писмено известување. Известувањето мора да го содржи основот што го поддржува она што тие го сфаќаат како практикување на друга религија или придржување кон друга филозофија на живеење во наставата.
Доколку родителите побараат ослободување од делови од наставата кои тие ги доживуваат како практикување на друга религија или придржување кон друга филозофија на живеење, учениците ќе бидат ослободени откако родителите ќе објаснат што е тоа што тие сметаат дека има такво влијание во наставата. Родителите чии известувања до училиштето во врска со ослободувањето не се одобрени имаат право на жалба против општинската административна одлука до Националното биро за образование во засегнатата земја. Жалбата ќе биде испратена преку училиштето со што ќе се даде шанса да ја смени својата административна одлука.’
Министерството проширило во однос на барањето на основ во циркуларното известување Ф-03-98 со датум од 12 јануари 1998 г, стр. 3:
“Основното правило на Министерството е дека кога родителите бараат ослободување од активностите што се јасно религиозни, ослободувањето (делумното ослободување) ќе биде одобрено. Во такви случаи од родителите не се бара да дадат никаков основ. Во случајот на барањата за ослободување од активностите коишто не се јасно религиозни, повеќе треба да се бара што се однесува до основите на родителите. Такви случаи не се опфатени од главното правило во однос на тоа какви ослободувања можат да се побараат. Исто така, travaux préparatoires даваат одредба за проценка за тоа дали има разумен основ по кој може да се бара ослободување. Се упатува на Препораката бр. 95 (1996-97) до Lagting [помалиот дом на Парламентот] во која се вели: „Мнозинството смета дека учениците ќе бидат ослободени од такви делови од наставата во дадените училишта по основ на нивната сопствена религија или сопствена филозофија на живеење, со оглед дека е разумно да се сфати како практикување на друга религија или придржување кон друга филозофија на живеење.“ Меѓутоа, мора да се земе во предвид фактот дека многу од родителите ги сметаат прашањата поврзани со верата и филозофиите на живеење дека потпаѓаат во делот на приватниот живот. Правото на приватен живот исто така е заштитено од меѓународни конвенции.’
Министерството потоа ги разгледува примерите на области од кои може да се очекува учениците да бидат ослободени и на страна 4 се вели:
‘Религиозните и филозофските убедувања на родителите ќе бидат почитувани во целиот Наставен план што им бил доставен од училиштето. Ова значи дека правилата за ослободување се однесуваат на целото задолжително образование. Генерално, прашањето кое мора да се процени од училиштето е дали Наставниот план во праксата подложи на влијание на учениците да усвојат одредена вера или филозофија на живеење, или може на друг начин да се сфатат како учество во религиозна активност или придржување на филозофија на живеење.
Конкретно кажано, ова може на пример да е важно што се однесува на часовите по танц организирани како дел од физичкото образование; танц со партнер не е компатибилен со верата на некои лица, иако движењето на музика е прифатливо. По предметот Уметност и ракотворби ќе треба да се работи внимателно кога се работи на илустрации на Господ и пророците; погледнете ја дискусијата по „Илустрации –забрана на ликови“ во Прирачникот по предметот по КРЛ (с. 22).’
Би додал дека во врска со проценката на предметот по КРЛ, Министерството ја нагласува важноста од менување на содржината, методологијата и организација на предметот за да се обезбеди колку што е можно повеќе деца и млади луѓе да можат да учествуваат во целиот предмет. Причината зошто Министерството сепак се одлучи да го задржи ограниченото право на ослободување беше за да се биде сигурно дека правата на родителите и слободата на вероисповед ќе бидат заштитени на задоволителен начин, и дека ќе бидат применувани на начин за кој има разбирање; види на стр. 51, првата колона, од Извештајот бр. 32 (2000-01) до Парламентот.
Забележувам дека правото на ослободување од целиот или делови од задолжителниот Наставен план по предметот по КРЛ во основните и нижите средни училишта ќе резултираат со разлика меѓу родителите во врска со школскиот систем. Родителите и учениците кои сакаат да побараат ослободување мора да го погледнат внимателно Наставниот план и да побараат ослободување кога сметаат дека ослободувањето е неопходно за да се заштитат правата на детето и нивните сопствени права. Училиштето првично одлучува дали да дозволи ослободување. Прашањето е дали оваа разлика во постапувањето е во согласност со легитимна цел и дали целта е сразмерна на применетите средства.
Според праксата на Европскиот суд за човекови права како што претходно беше споменато, членот 2, втората реченица од Протоколот бр. 1 бил толкуван како да значи дека убедувањата мораат да постигнат одредено ниво на убедливост, сериозност, кохезија и важност (види ја пресудата на Судот во Campbell and Cosans v. the United Kingdom (25 February 1982, § 36, Series A no. 48) и Valsamis [(цитиран горе], § 25)). Изјавите во овие пресуди го поддржуваат барањето од страна на државите потписнички родителите да обезбедат нешто подетални основи кога активноста за која бараат ослободување на прв поглед не се чини дека е практикување на одредена религија или придржување на различна филозофија на живеење.
Меѓутоа доколку жалителот мора да даде детална информација за сопствената религија или филозофија на живеење тоа може да претставува повреда на членот 8 од Конвенцијата и членот 17 од ИЦЦПР во врска со правото на почитување на приватниот живот и можеби исто така и на членот 9 од Конвенцијата и членот 18 § 1 од ИЦЦПР во врска со слободата на вероисповед. Разбирам дека различниот третман по основ на религијата и политички или други мислења е во сржта на забраната на дискриминација.
Како што објаснив, основната причина за воведување на задолжителни лекции по предметот по КРЛ била дека владата и мнозинството на Парламентот сметале дека било важно да се пренесе заедничка основа на знаење, вредности и култура во основите и нижите средни училишта. Била нагласена важноста од отворена, инклузивна школска средина. Спроведувањето на задолжителното основно и нижо средно образование мора да вклучи и право да се извести за желбата за ослободување и во секој случај барањето мора да даде во општи црти од кои делови од Наставниот план се посакува ослободување. Мене ми е јасно дека заедничкиот наставен план по предметот по КРЛ и барањето за писмено барање за уживање на правото за ослободување се мерки за остварување на легитимни цели и дека не е несразмерна мерка да се бара родителите кои сакаат да побараат ослободување од делови од предметот дека мора да го следат Наставниот план и да известат кога сакаат ослободување. Би додал дека ова зависи од школските власти кои ги преземаат неопходните чекори за да им се овозможи да го следат Наставниот план. Заедничкиот задолжителен наставен план бара од родителите да се цело време добро информирани за предметот по КРЛ и програмата и методите на Наставниот план и ако е можно да бидат информирани и за другите активности со религиозна содржина.
Странките не навлегоа во детали во однос на посебните барања во врска со основите и основите што се даваат во различни барања за ослободување од предметот по КРЛ. Затоа ќе се задржам на тоа што ќе изјавам дека нема основа да се претпостави дека можна повреда на забраната на дискриминација во овој случај може да има како последица поништување на административните одлуки за одбивање на целосно ослободување од лекции што се дел од предметот по КРЛ.“
В. Молба од странките во горенаведената постапка и нивните деца, до Судот и до Комитетот за човекови права при Обединетите нации
43. На 15 февруари 2002 г. родителите и децата жалители ја поднесоа својата жалба до Судот согласно Конвенцијата.
44. Последователно на 25 март 2002 г. четири други пара на родители кои биле странки на гореспоменатите домашни постапки поднеле заедно со своите деца допис (бр. 1155/2003) до Комитетот за човекови права при Обединетите нации согласно Протоколот кон Меѓународниот пакт за граѓански и политички права од 1966 г.
45. На 3 ноември 2004 г. Комитетот го отфрлил приговорот на тужената држава дека со оглед дека и три други пара на родители поднеле слична жалба до Судот, „истото прашање“ веќе било разгледано од него. Комитетот го прогласил дописот за допуштен што се однесува до тоа дека се занимавал со прашања посочени согласно членовите 17, 18 и 26 од Пактот. Што се однесува до основаноста, Комитетот го изразил гледиштето дека актуелната рамка на предметот по КРЛ, вклучувајќи го и режимот на ослободување, како што бил применети во однос на жалителите („авторите“), претставувале повреда на членот 18 § 4 од Пактот. Комитетот расудувал на следниов начин.
“14.2. Главното прашање пред Комитетот е дали задолжителната настава по предметот на ЦКРЕЕ[[1]] во норвешките училишта, со само ограничена можност за ослободување, го повредува правото на слобода на мисла, совест и вероисповед на авторите согласно членот 18 и поконкретно правото на родителите за обезбедување на религиозно и морално образование на своите деца во согласност со нивните сопствени убедувања, согласно членот 19, став 4. Опсегот на членот 18 ја покрива не само заштитата на традиционалните религии туку исто така и филозофиите на живеење, како оние на авторите. Наставата по вероисповед и етика може според гледиштето на Комитетот да е во согласност со членот 18 ако се спроведе според условите изразени во Општиот коментар на Комитет бр. 22 за членот 18: ‘Членот 18.4 дозволува настава во државно училиште по предмети како општа историја на религиите и етика ако се спроведуваат на неутрален и објективен начин’, а ‘јавното образование кое вклучува настава по одредена религија или верување не е доследно на членот 18, став 4, освен ако нема одредба за недискриминирачки ослободувања коишто би одговориле на желбите на родителите или старателите’. Комитетот исто така се потсетува на своите гледишта во Хартикаинен и др. против Финска (Hartikainen et al. v. Finland), каде заклучил дека наставата во религиозен контекст треба да ги почитува убедувањата на родителите и старателите кои не веруваат во никаква религија. Во рамките на законскиот контекст Комитетот ќе ја разгледа жалбата.
14.3. Најпрво, Комитетот ќе го разгледа прашањето дали наставата по предметот на ЦКРЕЕ се пренесува или не на неутрален и објективен начин. Во однос на тоа прашање, Законот за образование, членот 2-4 стипулира дека: ‘Предавањето на предметот нема да вклучува проповедање. Наставниците по христијанска наука и религиозно и етничко образование ќе ја земат како појдовна точка клаузулата за целта на основното и нижото средно образование дадена во членот 1-2, и актуелното Христијанство, други религии и филозофии на живеење врз основа на нивните дистинктивни одлики. Наставата по различни теми ќе се заснова на истите образовни принципи.’ Во клаузулата за целта во прашање се пропишува дека целта на основното и нижото средно образование ќе биде ‘во согласност и во соработка со семејството за да се помогне учениците да добијат христијанско и морално воспитание’. Некои од travaux préparatoires од Законот упатувале пред сè да се направат нештата јасни дека предметот дава приоритет на следбениците на Христијанството пред другите религии и филозофии на живеење. Во таков контекст, Постојаниот комитет за образование со мнозинство заклучил дека: подучувањето не било неутрално, а главниот акцент на предметот бил на наставата за Христијанството. Земјата потписничка признава дека предметот има елементи кои можат да се доживеат како такви со религиозна природа, а тоа се активности за кои ослободување се дава без родителите да мораат да назначат причини. Навистина, барем некои од активностите во прашање вклучуваат, на прв поглед не само образование по веронаука туку и реално практикување на одредена религија (види став 9.18). Тоа произлегува и од резултатите од истражувањето на авторите и од нивното лично искуство дека предметот имал елементи за кои тие не гледале дека се предадени на неутрален и објективен начин. Комитетот заклучува дека наставата по ЦКРЕЕ не може да се каже дека го исполнува условот да биде предадена на неутрален и објективен начин, освен ако системот на ослободување реално не води кон ситуација каде наставата што ја добиваат оние деца и семејствата што се решаваат на такво ослободување е неутрална и објективна.
14.4. Второто прашање што треба да се разгледа оттука е дали аранжманот за делумно ослободување и други начини обезбедува ‘недискриминирачки ослободувања или алтернативи кои можат да одговорат на желбите на родителите или старателите’. Комитетот го забележува тврдењето на авторите дека делумното ослободување не ги задоволува нивните потреби бидејќи наставата по предметот по ЦКРЕЕ премногу се потпира на веронауката и дека делумното ослободување е невозможно да се спроведе во пракса. Понатаму, Комитетот забележува дека норвешкиот Закон за образование уредува дека ‘врз основа на писменото известување од родителите, учениците ќе бидат ослободени од присуство на оние делови од наставата во конкретното училиште кои, врз основа на сопствената религија или филозофија на живеење, ги доживуваат како практикување на друга религија или придржување кон друга филозофија на живеење’.
14.5. Комитетот забележува дека постоечката нормативна рамка поврзана со наставата по предметот по ЦКРЕЕ содржи внатрешни тензии или дури контрадикторности. Од една страна, Уставот и клаузулата за целта во Законот за образование содржи јасно претпочитање на Христијанството споредено со улогата на другите религии и гледања на светот во образованието. Од друга страна конкретната клаузула за ослободување во членот 2-4 од Законот за образование е формулирана на начин кој во теоријата се чини дека дава целосно право на ослободување од било кој дел од предметот по ЦКРЕЕ кој поединечни ученици или родители го сфаќаат како практикување на друга религија или придржување кон друга филозофија на живеење. Доколку оваа клаузула би можела да биде спроведена на начин кој се осврнува на она што во Уставот и во клаузулата за целта од Законот за образование се претпочита, ова евентуално би можело да се смета за придржување кон членот 18 од Пактот.
14.6. Меѓутоа Комитетот смета дека дури и во апстракт актуелниот систем на делумно ослободување наметнува значителен товар врз лицата во позиција на автори што се однесува до тоа дека од нив се бара да се запознаат со оние аспекти на предметот кои се од јасно религиозна природа како и со други аспекти, со гледиште за утврдување од кои од другите аспекти тие можеби чувствуваат потреба да бараат – и оправдуваат – ослободување. Ниту пак би било неверојатно да се очекува дека таквите лица би биле одвратени од остварување на тоа право, толку што режимот на делумно ослободување би можел да создаде проблеми за децата коишто се разликуваат од оние коишто можеби се присутни во севкупната шема на ослободување. Навистина како што искуството на авторите покажува, системот на ослободување во моментов не ја штити слободата на родителите да обезбедат религиозното и морално образование на нивните деца да е во согласност со нивните сопствени убедувања. Во оваа насока Комитетот забележува дека предметот по ЦКРЕЕ комбинира образование по веронаука со практикување на одредено религиозно верување како на пр. учење на памет на молитви, пеење на религиозни химни или присуство на религиозни служби (став. 9.18). Иако е точно дека во овие случаи родителите можеби бараат ослободување од овие активности со штиклирање на квадратче на формулар, шемата на ЦКРЕЕ не обезбедува образованието по веронаука и практикување на верата да бидат раздвоени на начин што би ја направило шемата на ослободување применлива.
14.7. Според гледиштето на Комитетот тешкотиите на кои наишле авторите, особено фактот дека Мариа Јансен и Пиа Сузанне Орнинг морале да рецитираат религиозни текстови во контекст на славењето на Божиќ иако биле запишани во шемата за ослободување, како и конфликт на лојалноста што го доживеале децата, доволно ги илустрираат овие проблеми. Понатаму, условот да се дадат причини за ослободување на децата од лекциите што се фокусираат на пренесување на веронаука и отсуството на јасни индикации за тоа какви причини би биле прифатени создава дополнителни пречки за родителите кои бараат да се овозможи нивните деца за да не бидат изложени на одредени религиозни идеи. Според гледиштето на актуелната рамка на ЦКРЕЕ, вклучително и актуелниот режим на ослободување, како што е спроведен во однос на авторите тој наметнува повреда на членот 18, став 4 од Пактот во однос на нив.“
Со оглед на овој наод, Комитетот сметаше дека никакво дополнително прашање не произлегува согласно другите делови на член 18 или членовите 17 и 26 од Пактот. Тој и дал на тужената држава деведесет дена во рамките на кои требале да обезбедат „информации за мерките што биле преземени за да го ефектуираат гледиштата на Комитетот.“
Г. Мерки што следеле
46. Во контекст на „Гледиштата“ на Комитетот за човекови права при Обединетите нации норвешката влада одлучила да преземе мерки за модификување на предметот по КРЛ и да се предложат измени во Законот за образование од 1998 г. и во Наставниот план. Според Циркуларното известување Ф-02-05, ова ги вклучувало следниве елементи.
(i) Бришење во членот 2-4(3) на упатувањето на клаузулата за христијанската цел во член 1-2.
(ii) На различните религии и филозофии на живеење да им се даде истиот квалитативен опис во целите на предметот и притоа да се задржат актуелните пропорции на различните религии и филозофии на живеење во централниот наставен материјал.
(iii) Одредбата за делумно ослободување во актуелниот член 2-4(4) да се направи предмет на посебна одредба обезбедувајќи уредувањето на ослободувањето во доволна мерка за да ги земе во предвид правата на родителите и потребата да се заштитат малцинствата; поедноставување на одредбите за барањата за ослободување; специфицирање во Законот на обврската на училиштата да обезбедат информации и циркуларни известувања до училиштата за практикувањето на аранжманот околу ослободувањето.
(iv) Изготвување на нов наставен план во кој ќе се даде јасна поделба меѓу оние елементи кои можат да се сметаат за практикување на религија и оние елементи кои не можат, а при тоа да се одржи распореденоста меѓу различните делови од предметот.
(v) Нагласување на изборот на работните методи во воведувањето на наставниот план и во насоките за предметот за да се ограничи можноста делови од наставата да се доживеат како практикување на религија.
Различни и привлечни работни методи треба да придонесат кон распространувањето на сите аспекти на предметот. Беше нагласено дека работните методи коишто можат да се сфатат како блиски до практикувањето на религија барале посебна нега од страна на наставниците, вклучувајќи и одредба за прилагодена настава.
(vi) Предложените промени би биле спроведувани од училишната година 2005/06. Воведувањето на мерките од есента 2005 г. генерирало потреба за зајакнување на вештините и капацитетот на наставниците. Владата би почнала со работата на развивање на вештините и капацитетите со самото заокружување на наставниот план.
(vii) Висок степен на флексибилност би требало да биде прикажан во однос на желбите на родителите за прилагодена настава за нивното дете/деца. Доколку е потребно, опцијата за целосно ослободување на привремена основа би требало да биде достапна за оние родители што тоа го сакале во исчекување на спроведувањето на предложените постојани аранжмани.
Врз основа на одлуката на владата, Министерството започнало со разгледување на неопходните промени. По предлозите од страна на Министерството на 29 април 2005 г., усвоени од страна на владата на истиот датум (Ot.prp.nr.91 (2004‑05)), на 17 јуни 2005 г. Парламентот усвоил одредени измени и дополнувања на Законот за образование од 1998 г. кои стапил на сила веднаш. Како резултат на тоа неколку прилагодувања биле направени во членот 2-4(1) (имено, зборот „вера“ бил заменет со „разбирање на христијанството“; барањето за темелност било проширено на познавањето на други христијански заедници) и упатувањето на членот 2-4(3) на клаузулата за целта во членот 1-2 била избришана (види во став 23 горе). Исто така, одредбите за делумното ослободување во член 2-4(4) биле префрлени во нов и посебен член 2-3A, со одредени појаснувачки дополнувања и измени. Ова вклучувало, меѓу другото замена на изразот „религиозни активности“ (во поранешниот член 2-4(4)) со зборот „активности“ и проширување на основот за делумно ослободување така што би ги опфатил активностите кои родителите, од аспект на нивната сопствена религија или филозофија на живеење ги доживувале како непријатни или навредливи (покрај оние што ги доживувале како нешто што достига ниво на практикување на друга религија или придржување на друга филозофија на живеење).
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
47. Релевантните одредби од Законот за образование од 1998 г. се цитирани горе.
48. Условот родителите да изнесат причини за барањето за делумно ослободување е опишано во цитатот од Циркуларното известување Ф-90-97 и Ф‑03-98 репродуцирано во пресудата на Врховниот суд во параграф 42 горе. Второво циркуларно известување исто така ги содржело и следниве пасуси кои се релевантни за актуелниов случај.
„4. Решение: диференцирана настава и локално прилагодување на Наставниот план
4.1. Прилагодено учење и локално обработување на Наставниот план како главен принцип
Членот 13(10) од Законот за задолжително образование уредува дека училиште кое ќе добие известување за ослободување, во рамките на можностите и особено на ниво на основното училиште ќе бара решенија со обезбедување на ‘диференцирана настава во рамките на Наставниот план’.
Диференцираната наставата спомената во Законот е тесно поврзана со прилагодувањето на принципот на учење кој е генерално нагласен во наставниот план на училиштата [Læreplanverket, L97] и втемелен во членот 7 од Законот за задолжително образование. Во принципите и насоките, важност се придава на принципите на заедница и прилагодување во рамките на обединетата рамка на училишниот систем. Формулациите таму го вклучуваат следново:
Поединечно прилагодување е неопходно за да се обезбеди да постојат еквивалентни одредби за сите ученици. За оваа цел, сите аспекти на училишниот курс – наставната програма, работните методи, организацијата и наставните помагала – мора да бидат прилагодени во согласност со капацитетите на учениците.
Понатаму се вели дека ова отвора можности за различен третман и длабочина на изучувањето на наставната програма, и за варијациите во видовите на материјалите, нивната тежина, квантитет, брзина и напредок (види L97/L97S).
...
4.2. Правење разлики во рамките на наставната програма по КРЛ – правење разлики во однос на активностите, не знаењето
Според статутот едно училиште кое ќе доби известување за ослободување ќе бара решенија во кои се обезбедува диференцирана настава во рамките на Наставниот план. Општинската обврска да се обезбеди диференцирана настава важи колку што е можно поопширно и особено во рамките на основното образование. Причините за уредбата велат дека диференцираната наставата ќе биде обезбедена согласно истиот наставен план, и дека не треба да се прави разлика во однос на знаењето туку разлика во однос на активностите. Со оглед дека нема ослободување од учењето на предметот, учениците што се ослободени ќе добиваат настава во рамките на наставниот план.
Во случаи кога се применува делумно ослободување, алтернативата не е друг предмет или друг наставен план туку други активности и други начини на работа со наставната програма по КРЛ. Училиштето мора да го пренесе знаењето во прашање на учениците по пат на различен методолошки пристап. Сепак не може да се даде исклучок од одредени главни теми коишто вклучуваат одредени активности. Пример е главната тематска единица во рамките на која од учениците се бара да ги научат Десетте божји заповеди на памет (христијанска вера и етика, шесто одделение). Меѓутоа, никој не може да биде ослободен од тоа да знае за божјите заповеди.
Диференцираната наставата мора да го земе во предвид религиозното и филозофско воспитание на учениците и да помогне колку е можно за да се обезбеди сите ученици да работат со истите области на знаење во одделението во прашање, но со примена на прилагодени работни методи.
Колкава е потребата за диференцијација зависи локално од тоа
- на кои религиозни или филозофски групи им припаѓаат родителите, и
- од какви видови на активност тие бараат ослободување.
...
6. Диференцијација при наидувањето на специфични активности
Водичот за предметот по КРЛ содржи вовед за начините на работа на предметот, а исто така се занимава и со прашањата што се дискутирани долу. Меѓутоа на некои од прашањата овде е поработено поисцрпно. Види ги исто така и конкретните примери за секоја училишна година дадени во прирачникот.
Ние даваме примери долу за тоа како да се работи на различни активности и да се одговори на други прашања што можат да се појават:
6.1. Молитви, догма и други важни религиозни текстови
Некои од активностите – како што е учењето на памет и рецитирањето на догми, божји заповеди и молитви (LS97, pp. 96 и 101, и L97S, pp. 101-09) можат од некои родители и старатели да се сфатат како практикување и/или придржување кон одредена религија. Кога се дава известување во врска со ослободување од такви активности, училиштето ќе понуди диференцирана настава за да му се овозможи на ученикот да работи со тој вид на материјал на различен начин.
Доколку ова е прифатливо за родителите, тие исто така можат да одлучат да им дозволат на своите деца да присуствуваат кога се рецитираат молитви и догми од други религии под услов на децата да им се помогне да ја задржат потребната дистанца од материјалот и од она што се случува (види го во оваа смисла членот горе за улогите на учесникот и гледачот). Таквите активности исто така можат да се планираат за поединечни работни периоди или за работа во групи во која се усвоени различни пристапи кон материјалот.
6.2. Пеење на химни
Иако се прават аранжмани за учениците кои и припаѓаат на христијанската вера да пеат химни и да се стекнат со увид преку таквата активност во важната одлика на нивната религиозна и културна традиција, мора да постои неопходен увид за учениците кои не и припаѓаат на таа традиција. Пеењето на химни исто така може да најде место надвор од христијанската наука и часовите по религиозно и етичко образование, на пример на часовите по музика. Химните можат да бидат инкорпорирани на часовите по пеење, кога ќе се постават во нивниот музички контекст и кога на нив ќе се гледа како на важен дел од нашето пеачко културно наследство.
Учениците на кои им било одобрено ослободување од пеење на химни морат да добијат други начини на работа на химните, и тоа може да е во посебни групи. Тие на пример можат да слушаат химна и да добијат такви задачи како на пример за што се работи во текстот на химната? Дали содржината на химната можете да ја поврзете со одреден празник и ако можете зошто? Зошто оваа химна е важна во христијанската традиција? Друга можност би била да се користат химните и песните како тема за работа на проект кој вклучува поблиско разгледување на песните, химните и музиката и нивната функција во различни религии.
Види исто во прирачникот за предметот по КРЧ, с.23.
6.3. Присуствување на ритуали/посети на цркви или други верски собиралишта
Некои родители можеби ќе сакаат нивните деца да бидат ослободени од влегување во црква или друг центар на богослужба без разлика на односот. Други ќе прават разлика меѓу посетување на богослужба или нешто слично и да се биде во црква или друго верско собиралиште на екскурзија во рамките на наставата. Без разлика на ставот на родителите, соработката меѓу училиштето и семејството е од огромна важност секогаш кога се планираат такви посети.
Екскурзии
Во четврто одделение, учениците треба да се запознаат со изгледот, приборот и мебелот на црквите и со одредени важни христијански симболи (програмска единица: Христијански фестивали, верски симболи, животот на локалната христијанска заедница). Повеќето ученици ќе се стекнат со ова знаење преку педагошки организирани екскурзии во локалната црква. Фокусот е на информативни и објективни цели. На пример можат да се пренесат информации поврзани со црковната зграда, декорациите во црквата, симболите и функциите на различни предмети.
Некои родители/старатели може да побараат ослободување за своите деца од учество во такви екскурзии бидејќи посетата на црква се смета за учество во религиозна активност.
За ученици кои не можат да посетат црква, на пример мора да се организираат други активности и работни задачи во училиште. Тие треба да се поврзани со истата област за на учениците да им се обезбеди пристап до истото знаење што тие би го стекнале при посетата на црквата. На пример може да им се дадат задачи поврзани со информативни брошури и доколку постојат публикации што се однесуваат на локалната историја, или цртежи или слики и постери кои ја покажуваат или се однесуваат на црквата во прашање.
Види на пример на страна 44 од Прирачникот за предметот по КРЛ.
Служби во училиштето
Описот на целите на фазата на основно училиште (L97, p. 94, и L97S, p. 100) вели дека учениците треба да посетат црква во локалната заедница и да присуствуваат на богослужба. Нагласено е дека таквото присуство е дел од наставата на училиштето (не е елемент на црковната подготовка за крстење). Некои ученици кои припаѓаат на традиции различни од христијанската може да побараат ослободување од учество, на пример на служба во училиштето и активности поврзани со истото. За таквите ученици мора да се понуди диференцирана настава. Доколку учениците присуствуваат на службата ова може на пример да се среди со тоа што ќе им се даде задача да ги набљудуваат функциите на различните фази од литургијата во однос на целата, за да забележат како химните се поврзани со главната тема на службата или да се види дали/како сликите, боите, текстовите и музиката заедно помагаат да се појасни темата на службата.
Други родители можат да известат за целосно ослободување од секакво присуство на богослужба. Тие ученици мора да се запознаат со христијанската служба на други начини а не со присуство, на пример преку настава во училница со фокус на слики, музика и текстови.
Она што е овде кажано за посетите на црква исто така може да се примени за џамии, синагоги, храмови или други верски собиралишта.
Илустрирање и забрана на слики
Видете ја подетална дискусија на с. 22 од Прирачникот по предметот по КРЛ.
Посебен предизвик се приказните, паралелните ликови
Видете подетална дискусија на пс. 30, 32, 50 и 52 од Прирачникот по предметот по КРЛ.
6.4. Други области
Министерството доби прашања во врска со другите аспекти на курсот по христијанска наука и религиозно и етичко образование, вклучително:
Драматизации
Драми, мим и драматизации можат да придонесат кон систематскиот увид во наставниот материјал и единството меѓу учениците. Таквите пристапи истовремено можат да ги вклучуваат видовите на активност од кои некои родители/старатели сакаат нивните деца да бидат ослободени. Ова на пример може да вклучува драматизации кои вклучуваат свети личности, како драмите за Христовото раѓање
Некои можат да тврдат дека бараат ослободување од овој ‘дел на глумење’. Тој проблем може да се реши со тоа што на засегнатите лица ќе им се дадат важни задачи поврзани со драматизацијата. Сценски сетови ќе треба да се изработат; осветлување и озвучување ќе треба да се планираат, постават и тестираат; треба да се подготват програми. Потребни се најавувач и наратори. Новинари се потребни за да ги интервјуираат активните учесници во програмата, за да ги опишат активностите и да го уредат одделенскиот весник за објавување по изведбата. Има некои важни задачи кои можат да се изведат од учениците кои нема да имаат задачи директно поврзани со драматизацијата. Исто така има начини со кои тие природно можат да бидат интегрирани во одделенската заедница, а притоа истовремено да имаат можност да заземат позиција на набљудувач во однос на материјалот што се претставува и неговиот начин на претставување.
Други родители можат да кажат дека тие не треба да бидат вклучени било во драматизацијата или во работата врзана со неа. Ова мора да се почитува, и други задачи ќе мора да се подготват за тие ученици.
...
7. Соработка меѓу училиштата и семејството – отвореност и објективност
За родителите да се чувствуваат сигурни дека наставата по предметот не е во конфликт со нивните сопствени убедувања, неопходна е блиска соработка меѓу училиштата и семејствата.
Врз основа на познавањето на религиозната и филозофската традиција на родителите, наставниците можат да направат напори да ја планираат наставата во насока на намалување на потребата од ослободување на минимум. Планот за наставата за предметот треба да се изработи колку што е можно порано. Во планот училиштето треба да ги опише понудите за диференцијација која генерално се прави во однос на различните религиозни и филозофски традиции. Кога планот им се претставува на родителите, им се дава шанса да ја разгледаат потребата, доколку има, за ослободување од одредени активности.
За да се побара делумно ослободување, родителите мора да испратат писмено известување до училиштето. Тие мора да се изјаснат кои активностите во наставата на училиштето ги доживуваат како практикување на друга религија или придржување кон друга филозофија на живеење. Родителите тогаш треба да одлучат дали да се решат за општата понуда за диференцијација, доколку училиштето направило таква понуда или, дополнително доколку е можно да побараат поиндивидуализирана понуда за диференцијација. По пат на дијалог воспоставен во оваа насока меѓу семејствата и училиштата, можат да се утврдат конкретните наставни одредби за учениците.
Доколку родителите известат дека тие сакаат ослободување од јасно религиозните активности, опишани во причините за законската регулатива како ‘рецитирање догми или молитви, учење на религиозни текстови на памет, учество во пеење на химни и присуство на ритуали или богослужби во различни религиозни заедници’ таквото известување ќе важи за таквиот вид на активност. На тој начин ново известување за секоја поединечна религиозна активност не е потребно.
Во соработката меѓу училиштата и семејствата, персоналот на училиштето мора да покаже почит за фактот дека учениците имаат различна религиозна позадина. Посебно внимание мора да се посвети на ова во контактите со лингвистичките и културните малцинства.
8. Административни постапки
Општинските одлуки во врска со известувањата за ослободување се поединечни одлуки согласно Законот за јавна администрација, и соодветно на тоа можат да се обжалат пред Националните бироа за образование согласно членот 34(3) од Законот за задолжително образование. Една општина може да го делегира своето овластување за носење одлуки до директорот на училиштето. Прашањата треба да се разгледаат доволно длабоко пред да се усвојат одлуки; видете во член 17 од Законот за јавна администрација.
...
10. Учебниците како едно од неколкуте наставни помагала во предметот
Министерството сака да нагласи дека Наставниот план е тој што е обврзувачки за наставата, а не учебниците. Учебниците по предметот се само некои од неколкуте наставни помагала што можат да користат за постигнување на целите на предметот.
Учебниците што се користат во задолжителното школување мора да бидат одобрени. Дури и ако учебникот е одобрен постои ризик дека содржи грешки. Кога наставниците ќе забележат можна грешка во учебниците, тие мораат да ја проверат внимателно за наставата да е точна.
Иако регулаторното посебно разгледување на книгите по предметот е повлечено (член 4 од поранешната регулатива за учебници), Министерството забележува дека ќе се продолжи со проверката на учебниците. Учебниците ќе се разгледаат од религиозните и филозофските заедници, меѓу другото, за да се обезбеди религиите и филозофиите на живеење да бидат претставени со нивните дистинктивни карактеристики.“
49. Наставниот план за десетгодишното задолжително образование на Норвешка издаден од Министерството во 1999 г. (во понатамошниот текст „Наставниот план“) вели:
„Изучувањето на предметот има за цел на учениците да им се обезбеди темелен увид во Христијанството и што христијанското гледиште на животот имплицира, како и здраво познавање на други светски религии и филозофии. Согласно тоа важни точки во Наставниот план се класичните библиски приказни и друг библиски материјал, главните правци на развој и главните личности во историјата на Христијанството, и основите на христијанската вера и христијанската етика. Предметот исто така се состои од главните одлики на други живи религии и филозофии на живеење и некои главни прашања поставени во филозофијата и општата етика кои се однесуваат на природата на човекот. Истите педагошки принципи треба да се применат во наставата по Христијанство и во тој дел за другите религии и ориентации. На предметот мора да му се пристапи на отворен начин и да се придонесе кон увидот, почитувањето и дијалогот преку границите меѓу верите и филозофиите и да се промовира разбирање и толеранција во однос на религиозните и моралните прашања. Училницата не е место за проповедање на ниедна вера. Предметот нуди запознавање со верата, а не воведување во истата. Исто така мора да се одржи индивидуалното чувство за идентитет и културна припадност на ученикот, а во исто време да се унапреди дијалогот во рамките на споделената култура.
За да се одговори на различните вери и гледишта на животот со разбирање, секој треба да може да ги стави во контекст којшто е веќе познат. Предметот на таков начин има различни функции во задолжителното школување: пренесување на традицијата, одржување на чувството за идентитет и градење на мостови коишто даваат увид и промовираат дијалог.
...
Структура на предметот
Фаза на основно образование
Средна фаза
Фаза на нижо
средно образование
Изучување на Библијата
Добро познати приказни од Библијата
Главни приказни од Библијата
Библиски жанрови, Библијата како пропис, историја на Библијата
Историја на Христијанството
Важни поединечни епизоди
Рана историја: трендови, личности, културни изразувања
Современа историја: трендови, личности, културни изразувања
Современо христијанско гледање на животот
Фестивали, симболи, Христијанството во заедницата
Христијанска вера и етика
Христијански вери, сличности и разлики
Други религии
Други религии
и ориентации, приказни
и фестивали
Ислам, Јудаизам, Хиндуизам,
Будизам,
секуларна ориентација
Религиозни
изразувања во наше време
Етика и филозофија
Етичка свесност: мое и твое; јас и другите
Етичка свесност: вредности и избори
Филозофски толкувања
на човекот: вредности и норми
Бидејќи предметот е нов и наменет за сите ученици неопходно е родителите и учениците со различни уверувања да бидат добро запознаени со наставната програма и нејзините содржини. За да ги увериме родителите во врска со содржината на наставната програма, посебна важност се придава на формулирањето на наставната програма за на родителите да им биде лесно да видат со кои предметни единици учениците ќе се сретнат во различни фази.“
50. Наставниот план ги поставува општите цели на предметот и ги набројува целите и главните елементи на предметот за одделенијата прво до четврто, петто до седмо и осмо до десетто.
Општите цели на предметот биле опишани како:
„• темелно да се запознаат учениците со Библијата и со Христијанството како културно наследство и како жив извор на вера, моралност и гледање на животот;
• да се запознаат учениците со христијанските и хуманистичките вредности на кои се заснова образованието во училиште;
• да се запознаат учениците со други светски религии и ориентации како живи извори на вера, моралност и гледишта на животот;
• да се промовира разбирање, почитување и капацитет за дијалог меѓу луѓето со различни гледишта по прашањата на верата и етичката ориентација на живеење; и
• да се стимулира личниот раст и развој на учениците.“
По поставувањето на целите за одделенијата од прво до четврто, Наставниот план ги набројува главните елементи на овие одделенија од кои секое се состои од следниве наслови: „Библиско раскажување“; „Наративен материјал од историјата на Црквата“; „Христијански фестивали, религиозни симболи, и животот на локалната христијанска заедница“; „Развивање на морална свест: ние и другите“. Што се однесува „Други религиозни и етички ориентации“ тој вклучува „Јудаизам“, „Ислам“, „Хиндуизам“, „Будизам“, „Хуманизам“ и „Грчка митологија“.
Наставниот план понатаму ги поставува целите поврзани со предметот за одделенијата од петто до седмо, кој го вклучува овој пасус:
„Христијанската вера и етика
Учениците треба да ги научат основите на христијанската вера и христијанската етика во контекст на ставовите на Малиот Катехизам на Лутер.
Други религии
Учениците треба да ги научат главните одлики и важните приказни од Исламот, Јудаизмот, Хиндуизмот и Будизмот.
Секуларни ориентации
Учениците треба да знаат за секуларните ориентации, развојот на хуманистичката традиција и како гледа на животот современиот хуманист.’
Главните елементи на предметот за петто до седмо одделение ги вклучуваат: „Историја на Библијата“, „Рана историја на Христијанството“ („Среден век“ за шесто одделение и „Реформаторскиот период“ за седмо одделение), „Христијанска вера и етика“. Што се однесува до “Другите религии“ предметот вклучуваше „Ислам“ во петто одделение, „Јудаизам“ во шесто одделение, и „Хиндуизам“ и „Будизам“ во седмо одделение. Покрај тоа за петто до седмо одделение содржани се елементи за „Развој на морална свест: Вредности и избори“ и „Секуларни ориентации“
За шесто одделение било кажано меѓу другото:
„Христијанската вера и етика
Учениците треба да имаат можност
- да ги научат Десетте божји заповеди на памет и да се запознаат со етичките идеали со акцент на Проповедта на планината;
- да научат нешто за тоа како овие основни фундаментални етички текстови се употребиле во историјата на Христијанството и како тие се применети денес.“
Немаше никаков еквивалент на листата на работи со кои „треба да се запознаат“ во однос на „Другите религии, Јудаизам“.
По посочувањето на цели поврзани со предметот за осмо до десетто одделение, Наставниот план ги набројува главните елементи на предметот, имено, „Историјата на Библијата, литературни жанрови во Библијата“, „Современата историја на Христијанството“; „Различни современи толкувања на Христијанството“; „Религиозни изразувања во нашето време“; и „Филозофски толкувања за човекот, вредностите и нормите“.
ЖАЛБИ
51. Родителите жалители се жалеа дека сo одбивањето од страна на надлежните домашни власти да им дозволат на нивните деца целосно ослободување од предметот по КРЛ им ги повредиле нивните права како родители согласно Конвенцијата. Задолжителното присуство на децата на наставата за вероисповед неоправдано го попречувало нивното право како родители на слобода на совест и вера согласно членот 9 од Конвенцијата. Ова дополнително го повредило правото на родителите согласно членот 2 од Протоколот бр. 1, втората реченица да се обезбеди образование и настава во согласност со нивните сопствени религиозни и филозофски убедувања.
52. Покрај тоа, непријатностите што произлегле од општите аспекти на уживањето на правото на делумно ослободување значело дека родителите кои не биле Христијани биле соочено со поголем товар од родителите Христијани, кои немале никаква причина да бараат ослободување од предметот по КРЛ, кој било дизајнирано во согласност со премисите на мнозинството. Според нив ова достигнало до ниво на дискриминација. Оттука, исто така имало и повреда на членовите 8 и 9 од Конвенцијата и членот 2 од Протоколот бр. 1 земени во врска со членот 14 од Конвенцијата.
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 2 ОД ПРОТОКОЛОТ Бр. 1
53. Родителите жалители се жалеа согласно членот 9 од Конвенцијата и втората реченица од членот 2 од Протоколот бр. 1 во однос на одбивањето од страна на домашните власти да им дозволат на нивните деца целосно ослободување од задолжителниот предмет по КРЛ кој се занимава со Христијанството, религијата и филозофијата, а кој се учи во текот на задолжителното десетгодишно образование во Норвешка.
54. Судот, оставајќи го на страна фактот дека жалбите на децата согласно членот 9 од Конвенцијата биле прогласени за недопуштени на 26 октомври 2004 г., смета дека жалбата на родителите потпаѓа најсоодветно да биде разгледана согласно членот 2 од Протоколот бр. 1 како lex specialis во областа на образованието, кој вели:
„Ниедно лице нема да биде лишено од правото на образование. При спроведувањето на сите функции кои ги има во однос на образованието и наставата, Државата ќе го почитува правото на родителите да обезбедат такво образовани и настава кои се во согласност со нивните сопствени религиозни и филозофски убедувања.“
А. Изјаснување на странките
1. Жалителите
55. Жалителите тврдеа дека предметот по КРЛ не бил ниту објективен, ниту критички, ниту плуралистички заради критериумите утврдени од Судот во своето толкување на членот 2 од Протоколот бр. 1 во Кјелдсен, Буск Мадсен и Педерсен против Данска (Kjeldsen, Busk Madsen and Pedersen v. Denmark 7 December 1976, Series A no. 23). Во овој контекст тие исто така упатуваат на критериумите за „неутрални и објективни“ прогласени од Комитетот на Обединетите нации во Хартикаинен против Финаска во врска со истата одредба во членот 18 § 4 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Главната намера на Наставниот план е да се зајакне религиозниот идентитет на учениците, правната рамка со клаузулата за христијанската цел, наставен план кој целосно има усвоено религиозен поглед и го величи христијанското верување и традиција, заедно со учебниците кои содржеле традиционално христијанско проповедање јасно посочуваа генерално дека Наставниот план не бил објективен.
56. Прашањето дали оспорениот предмет во норвешкото основно образование претставувал повреда на релевантните стандарди на човекови права во однос на слободата на вероисповед, родителските права, слободата на приватност и забраната на дискриминација треба да се гледаат во поширок контекст на општеството со крајно христијанска надмоќ. Норвешка има државна религија, државна црква со уставни прерогативи во однос на Христијанската (евангелистичко-лутеранската) вера. Има клаузула за христијански предмет за државните училишта и предучилишни установи. Во вооружените сили, затворите, универзитетите и болниците има свештеници на Државната Црква. Има дневни христијански молитви и служби емитувани на државните електронски медиуми. Не помалку од 86% од населението и припаѓа на Државната Црква, Црквата на Норвешка.
57. Сепак правото на слобода на вероисповед за оние што не биле Христијани било обезбедено на различни начини, меѓу другото со договори за ослободување од претходниот предмет по Христијанска веронаука во државните училишта. Ова право на општо ослободување – кое било уживано повеќе од 150 години – било укинато со воведувањето на предметот по КРЛ во 1997 г. Една од намерите на владата била сите ученици да бидат заедно во училницата кога важни прашања, како борбата против предрасудите и дискриминацијата или подобро разбирање на различните потекла, биле предавани.
58. Жалителите не се против општата намера за промовирање на интеркултурен дијалог – напротив, тие сметаат дека многу од целите изразени од владата при воспоставувањето на новиот предмет биле многу добри и силно се согласувале со нив. Проблемот бил дека предметот по КРЛ не ги постигнал тие цели, за разлика од предметот по „филозофијата на живеење“ кој жалителите го претпочитале.
59. Упатувајќи на споменувањето на религиозни активности во правилото за делумно ослободување во членот 2-4 од Законот за образование од 1998 година, жалителите тешко можеа да разберат како ова можело да се помири со барањето наставата да биде „објективна и неутрална“ па дури и „плуралистичка и критична“.
60. Жалителите го оспоруваа тврдењето дека предметот по КРЛ вклучувал само неколку активности што можеле да се сметаат дека имаат религиозна природа. Наставниот план, учебниците кои биле користени во училиштата и сите информации во врска со спроведувањето на Наставниот план посочувале дека главната цел на предметот – зајакнување на сопствената христијанска основа на учениците – исто така била главната нишка на наставата. Главната намера зад воведувањето на предметот по КРЛ била да се обезбеди религиозна основа за мнозинството ученици кои се придржувале на Христијанството. Во спротивно воведната одредба во Законот за образование од 1998 г. немало да биде формулирана како обврска за наставникот да обезбеди учење во согласност со клаузулата за христијанската цел.
61. Релевантните учебници содржеле делови кои можеле да бидат сфатени како такви кои проповедале Христијанство. Иако учебниците не биле формално дизајнирани како дел од правната рамка на предметот, тие стекнале официјален статус со тоа што биле контролирани и овластени од страна на официјалната државна агенција, Норвешката агенција за учебници (Norsk Læremiddelsentral).
62. Камен темелник во аранжманот за делумно ослободување било разделувањето меѓу нормативното и дескриптивно знаење. Учениците можеле да бидат ослободени со земање на учество во одредени активности, но не од познавање на содржините на активностите или наставата во прашање. Тие можеле да бидат ослободени од рецитирање од Библијата, пеењето на песни, кажување на молитви, итн., но не од знаење што било рецитирано, пеено, молено, итн. Целата идеја зад аранжманот за ослободување била дека било можно да се одржи менталната „раздвоеност“ меѓу знаењето и учеството. Се претпоставувало дека текст може да се „научи“ (имено молитви, псалми, библиски приказни и изрази на верување) без да се биде подложен ментално на она што се сметало или можело да се смета за несакано влијание или индоктринација. Меѓутоа оценките на предметот по КРЛ покажале дека таа дистинкција не била сфатена во пракса, дури ни од наставниците. Родителите во овие жалби објасниле во своите писмени сведочења како оваа поделба не функционирала за нивните деца. Оттука, делумното ослободување не било можна опција за нив.
63. Кога родителите барале делумно ослободување од делови од наставата покрај оние што се однесувале на религиозните активности наброени во формуларот тие морале да дадат на „кратко“ причини за нивното барање за да им се овозможи на училиштата да разгледаат дали активноста може разумно да се сфати како практикување на друга религија или придржување кон друго филозофско убедување согласно членот 2-4(4) од Законот за образование од 1998 г. Не било лесно за сите родители да имаат детално познавање и да се издвојат оние делови од наставата кои не ги одобрувале и да побараат ослободување, особено кога целата структура на предметот по КРЛ се засновал врз религиозен концепт кој во принцип бил спротивен на филозофијата на живеење на жалителите.
64. За жалителите, било крајно незадоволително што нивните мислења и длабоки лични филозофски убедувања во оваа област требале да бидат пренесени до и испитани од наставниците и администрацијата на училиштето. Иако родителите можело да немаат обврска формално да ги изнесат своите сопствени лични убедувања, било веројатно дека тоа ќе било откриено во причините што тие ги давале за да се добие делумно ослободување. Од искуството на жалителите ова било недостојно и недостоинствено.
65. Во пракса процедурата за барање за делумното ослободување се применувала само за родители кои не биле Христијани. Некои од нив биле имигранти, со малку или недоволно познавање на норвешкиот школски систем и јазик и вештини за водење на теоретски дијалог за религијата со која тие не биле запознаени. Меѓутоа за жалителите со оглед дека сите биле Норвежани не бил таков случајот. И покрај тоа, иако некои поседувале одлични вештини за усна и писмена комуникација, а некои биле и добро запознаени со норвешкиот школски систем, им било тешко да комуницираат на задоволително ниво со администрацијата на училиштето во однос на процедурата за барање на ослободување. Еден од проблемите бил поврзан со откривањето што родителите утврдиле дека не е доследно со нивната сопствена филозофија на живеење. Друг проблем бил практичната организација на предметот. За да се направи разлика за кои делови од наставата тие барале ослободување, родителите морале да знаат каква настава точно ќе биде понудена, во кое време, кои делови од учебникот би биле применети и какви активности се очекувале. Тие ќе морале чекор по чекор да го следат Наставниот план и наставата внимателно, можеби преку „разговори“ со детето за напредокот и содржината на Наставниот план. Дури и ако темите што треба да се предаваат можат да се чинат прифатливи во теорија, родителите можеби ќе треба да се распрашаат за тоа како наставникот го предал материјалот. Извештаите за проценка покажале дека било многу тешко да се добијат релевантни информации на време, што било искуството на жалителите.
66. Исто така, како резултат на аранжманот за делумно ослободување, односот меѓу родителот и детето страдал. Функцијата на децата на „посредник“ меѓу родителите и училиштето, и чувството на децата на притисок заради тоа што се различни од другите предизвикало фрустрации и конфликти во однос на лојалноста меѓу жалителите и нивните деца, како и нивното чувство на стигматизација.
67. Аранжманот за делумно ослободување не функционирал за жалителите, кои се обиделе со оваа опција но таа не им понудила практичен правен лек за нив. Аранжманот имплицирал изложување на нивната сопствена филозофија на живеење – директно или индиректно – и ги присилил детално да се запознаени со елементите на друга филозофија на живеење (за да можат да побараат ослободување). Тие биле тешко оптоварени со мониторинг на наставата, пренесување на пораки, давање причини, и со фрустрација и стигматизација. Жалителите искусиле како нивните деца страдале под притисокот на тоа дека се различни од другите деца, со тоа што биле „посредници“ меѓу домот и училиштето и живеејќи со конфликти на лојалноста. Ослободен ученик можел да биде отстранет од училницата и сместен во посебна просторија или можел да остане во училницата и да му се каже да не слуша или учествува во активноста во прашање. Аранжманот нудел доста потенцијал за конфликт и стигматизација.
68. Во ваков случај жалителите немале никаква друга можност освен да побараат целосно ослободување, но биле одбиени и морале да се придржуваат на аранжманот за делумно ослободување кој не функционирал на начин кој би ги почитувал нивните права.
69. Според гледиштето на жалителите најдобар начин за борба против предрасудите и дискриминацијата и за обезбедување на взаемна почит и толеранција која исто така била изразената цел на новиот предмет, не било преку присилување на луѓето кои немале христијански традиции и филозофии да учествуваат на часови кои доминантно се занимавале со Христијанската вера. Подобар начин би бил да се одржи поранешниот систем со еден предмет за мнозинството ученици кои доаѓале од христијански семејства, со информации за другите филозофии на живеење, и еден не-верски предмет заснован на заедничкото наследство, филозофија и општа историја на религиите и етиката за другите. Би било уште подобро да се воздржат од христијанската супериорност интегрирана во норвешкиот школски систем и да се креира заеднички, неутрален и објективен предмет по религија и филозофија на живеење без никаква форма на религиозна активност или одредени христијански привилегии.
2. Владата
70. Владата нагласи дека тоа произлегло од пресудата на Судот во случајот на Кјелдсен, Буск Мадсен и Педерсен дека не можело да се утврди никаква повреда на членот 2 од Протоколот бр. 1 по основ на отсуство на правото на целосно ослободување од предметот по КРЛ. Како што е признато со пресудата (§ 53) поголемиот дел од образованието засновано на знаење може да наметне прашања во врска со убедувањата. На родителите дури не им било дозволено да приговорат на таквото образование, во спротивно „целата институционализирана настава би се соочила со ризик да се покаже дека е неприменлива“. Правото на целосно ослободување како тоа што го барале жалителите овде уште појасно би го направиле институционализираното и задолжително учење неприменливо.
71. Владата се изјаснила дека со оглед на делумната одлука на Судот за допуштеност од 26 октомври 2004 г. со која бил ограничен опсегот на случајот се јавиле две прашања. Првото прашање било дали предметот по КРЛ генерално вклучувал предавање на информации и знаење на начин кој објективно можел да биде сфатен како индоктринација, односно, дека не е објективен, неутрален или плуралистички. Доколку е таков случајот, второто прашање би било дали можноста за добивање на целосно ослободување била единствената практична алтернатива која би одговорила на желбите на родителите. Проценката на Судот на предметот по КРЛ требала да биде објективна, наместо да се потпира на перцепциите на жалителите и да се заснова врз претпоставката дека предметот по КРЛ бил предаван согласно постоечките регулативи и насоки. Перцепциите на жалителите за предметот по КРЛ се чинело дека се разликуваат од она што објективно можело да се заклучи од фактите.
72. Предметот по КРЛ бил дизајниран да промовира разбирање, толеранција и почитување меѓу учениците со различно потекло и да развие почитување и разбирање за сопствениот идентитет, националната историја и вредностите на Норвешка, и за други религии и филозофии на живеење. Соодветно на тоа, предметот по КРЛ претставувал важна мерка за исполнување на обврските на Норвешка согласно членот 13 § 1 од Пактот на Обединетите нации за економски, социјални и културни права и членот 29 § 1 на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето.
73. Приближно половина од Наставниот план се однесувал на пренесувањето на темелно познавање на Библијата и Христијанството во форма на културното наследство и Евангелистичко-лутеранската вера и познавањето на другите христијански заедници. Втората половина, приближно, била посветена на пренесување на знаење за други светски религии и филозофии, етички и филозофски предмети, промоција на разбирање и почитување на христијанските и хуманистичките вредности и на разбирање, почитување и способност за одржување на дијалог меѓу луѓето со различни перцепции на верувања и убедувања. Затоа доколку жалителите – во име на своите деца - добиеле целосно ослободување, децата би биле лишени од знаење не само за Христијанството туку исто така за други религии и други филозофии на живеење и филозофски прашања. Според гледиштето на Владата, чистиот факт дека предметот обезбедувал познавање за светските религии, филозофии на живеење и етички и филозофски теми и дека неговата цел била да се промовира разбирање на хуманистичките вредности и дијалози меѓу луѓето со различни гледишта, требало да биде доволно за да се заклучи дека клаузулата што дозволувала целосно ослободување не можела да се бара согласно Конвенцијата. Таквото барање би ја спречило целата задолжителна настава која не се однесувала само на религиите туку и на филозофиите на живеење и етички прашања. Би било неодржливо и спротивно на позитивната обврска на Норвешка согласно другите меѓународни договори за човекови права. По овој основ со сигурност може само да се заклучи дека родителите не можеле да бараат право согласно Конвенцијата за целосно ослободување од изучувањето на КРЛ за нивните деца.
74. Владата не се согласуваше со гледиштето имплицирано од жалителите дека наводното отсуство на сразмерност може да повлече проблем согласно Членот 9 од Конвенцијата или членот 2 од Протоколот бр. 1. Најпрво, запознавањето на учениците со Христијанството само по себе не можело да повлече прашање согласно Конвенцијата, сè додека наставата се спроведувала на објективен, плуралистички и неутрален начин. Второ, во актуелното норвешко општество постоеле легитимни причини за посветување на повеќе време на науката за Христијанството за разлика од другите религии и филозофии на учење. Тие причини биле утврдени во travaux préparatoires документите, во Наставниот план и во последователната евалуација на предметот по КРЛ.
75. Клаузулата за христијанската цел во членот 1-2 од Законот за образование од 1998 г. не можела, според Владата, да ја зголеми загриженоста согласно членот 9 од Конвенцијата или членот 2 од Протоколот бр. 1. Најпрво, клаузулата уредувала дека треба да се примени само „во согласност и во соработка со семејството“. Оттука, секаква помош од училиштата во обезбедувањето на христијанско воспитување можело да се даде само со согласност на родителите. Второ, согласно членот 3 од Законот за човекови права, членот 1-2 од Законот за образование од 1998 г. треба да биде толкуван и применет во согласност со меѓународните договори за човекови права кои биле инкорпорирани во домашното право преку Законот за човекови права. Последователно, клаузулата за христијанската цел овластува проповедање и индоктринација од секаков вид во норвешките училишта.
76. Дури и ако предметот по КРЛ се планирало да се предава на плуралистички, објективен и критичен начин, овој факт не смеел да исклучува активности кои можат да се сфатат од родителите како религиозни, како на пример екскурзии во цркви, синагоги, џамии или храмови или присуствување на ритуали и религиозни служби во различни религиозни заедници. Ниту пак ќе било неопходно да се обезбеди можност за добивање на целосно ослободување од предметот по КРЛ.
77. Проблемот со можно вклучување на активностите коишто можат да се спротивни на филозофските или религиозните убедувања на родителите биле сериозно и значително разгледан од владата во размислувањата за тоа како најдобро да се дизајнира предметот по КРЛ. И владата и законодавното тело ги признале правата на родителите да им обезбедат на своите деца образование и настава во согласност со нивната сопствена религија и филозофски убедувања, но истовремено признале дека општеството имало легитимен интерес и обврска за унапредување на взаемната почит, разбирање и толеранција меѓу учениците со различно потекло што се однесува до религијата или филозофијата на живеење. Исто така интересите на самите ученици во развивањето и зајакнувањето на нивниот сопствен идентитет и во проширувањето на нивните хоризонти преку стекнување знаење и за новите религии и филозофии на живеење биле признати.
78. Конвенцијата штитела од индоктринација, не од стекнување знаење: сите информации дадени преку школскиот систем – без разлика на предметната тема или одделението – до одреден степен придонесуваат кон развој на детето и му помагаат на детето во носење на сопствени одлуки. Исто така дури и објективни, критични и плуралистички информации за религијата и филозофиите на живеење би обезбедиле позадина врз основа на која едно дете би можело да ги формира сопствените мисли и идентитет. Самиот факт дека таквите информации и знаење можат да придонесат за развојот на детето не претставувало прекршување на Конвенцијата. Напротив, Конвенцијата исто така треба да го обезбеди правото на детето на образование.
79. Travaux préparatoires јасно отсликува дека избраното решение во врска со ослободувањата претставени долу било резултат на добро балансиран компромис меѓу овие два интереси. Дилемата што овие два конкурентни интереси ја претставиле била решена преку воспоставување на три механизми кои биле наменети да ги обезбедат правата на родителите за да им се овозможи на нивните деца образование и настава во согласност со нивните сопствени религиозни и филозофски убедувања: најпрво, и можеби што е најважно, одредбата содржана во членот 2-4(4) од Законот за образование од 1998 г. дозволила ослободување од делови од курсевите; второ, диференцирана настава насочена кон решавање на проблемите на кои се наишло заради религиозните или филозофските убедувања на родителите; трето, можноста на родителите да добијат административно и/или судско разгледување доколку сметале дека образованието или наставата не е усогласена со нивните убедувања.
80. Барањето согласно членот 2-4 од Законот за образование од 1998 г. дека родителите морале да побараат ослободување од предметот по КРЛ не повлекува мешање во нивната приватност во смисла на членот 8 од Конвенцијата. Причините за барањето на родителите требале да се дадат само во однос на активностите кои на прва не се чинеле дека претставуваат практикување на одредена религија или придржување кон различни филозофии не живеење. Во случаите кога морале да се дадат причини, од родителите не се барало да обезбедат информации за нивните религиозни или филозофски убедувања.
81. Во секој случај условите наметнати од клаузулата за ослободување не можеле да се сметаат за несразмерни или неразумно оптоварувачки и со тоа гарантирале право на целосно ослободување. Како што се тврдеше погоре, барањата за ослободување немало потреба да бидат оправдани од родителите во случаи кога активностите јасно можеле да бидат доживеани како такви со религиозна природа. Морале да се дадат причини само ако поопширни ослободувања биле барани, па и дури тогаш причините не морале да бидат опширни.
82. Владата исто така се изјасни дека жалителите не биле обврзани да ги запишат своите деца во државни училишта. Поединци, групи на поединци, организации, конгрегации или други, на барање, можеле да формираат сопствени училишта или да обезбедат родителско подучување дома. Затоа норвешкото Хуманистичко здружение или родителите кои не сакале нивните деца да се вклучени во наставата по предметот по КРЛ и покрај клаузулата за делумно ослободување, можеле слободно да го избегнат проблемот со формирање на алтернативни училишта, било сами или во соработка со други со исти убедувања. Ова било реална и остварлива алтернатива и што се однесува до економскиот ризик со оглед дека 85% од сите трошоци поврзани со формирањето и водењето на училиштата биле финансирани од државата.
83. Тврдењето на жалителите дека ниеден родител Христијанин не побарал ослободување или упатил жалби во однос на предметот по КРЛ било неосновано. Иако Владата не водела статистика за културното потекло на родителите кои барале ослободување по предметот по КРЛ, се чинело дека неколку христијански заедници формирале приватни училишта заради нивното незадоволство со наставата по христијанство што се нудела во државните училишта. Неколку од тие училишта биле формирани по воведувањето на предметот по КРЛ во 1997 г. Сега имало осумдесет и две регистрирани приватни училишта со филозофија на живеење во основата. Од 2001 г. триесет и едно од вкупно триесет и шест барања се однесувале на формирање на нови христијански приватни училишта. Затоа може слободно да се претпостави дека одредени родители со христијанска филозофија на живеење не биле задоволни со одредени елементи во предметот по КРЛ и побарале ослободување.
Б. Оценка на судот
1. Општи принципи
84. Како генерално толкување на членот 2 од Протоколот бр. 1, Судот во својата судска пракса (види особено, Kjeldsen, Busk Madsen and Pedersen, цитиран горе, §§ 50-54; Campbell and Cosans v. the United Kingdom, 25 February 1982, §§ 36-37, Series A no. 48; и Valsamis v. Greece, 18 December 1996, §§ 25-28, Reports of Judgments and Decisions 1996‑VI) ги има соопштено следниве главни принципи:
(а) Двете реченици од членот 2 од Протоколот бр. 1 мора да бидат толкувани само во однос една на друга но исто така, и особено, во однос на членовите 8, 9 и 10 од Конвенцијата (види, Кјелдсен, Буск Мадсен и Педерсен, цитиран горе, § 52).
(б) На основното право на образование накалемено е правото на родителите на почитување на нивните религиозни и филозофски убедувања и првата реченица не прави разлика, ништо повеќе од втората, меѓу државното и приватното школување. Втората реченица од членот 2 од Протоколот бр. 1 има за цел на кратко да ја штити можноста за плурализам во образованието, која можност е неопходна за зачувување на „демократското општество“ како што е сфатено од Конвенцијата. Со оглед на моќта на современата држава, пред сè преку државното школување, оваа цел мора да се оствари (види, Кјелдсен, Буск Мадсен и Педерсен, цитиран горе, § 50).
(в) Членот 2 од Протоколот бр. 1 не дозволува да се прави разлика меѓу верската настава и другите предмети. Тој бара од државата да ги почитува убедувањата на родителите, било да се религиозни или филозофски, во рамките на целата државна образовна програма (види, Кјелдсен, Буск Мадсен и Педерсен, цитиран горе, § 51). Таа обврска е широка во својот опсег со оглед дека се однесува не само на содржината на образованието и начинот на нејзиното обезбедување туку и на изведбата на сите „функции“ преземени од државата. Глаголот „почитува“ значи повеќе од „признавање“ или „земање во предвид“. Дополнително на првично негативната обврска, тој исто така имплицира некаква позитивна обврска на страната на Државата. Терминот „убедување“ земен посебно не е синоним на зборовите „мислења“ и „идеи“. Тој означува гледишта кои постигнува одредено ниво на убедливост, сериозност, кохезија и важност (вид Валсамис, цитиран горе, §§ 25 и 27, и Кембел и Косанс, цитиран горе, §§ 36-37).
(г). Членот 2 од Протоколот бр. 1 претставува целина во која доминира неговата прва реченица. Преку нивно обврзување да не „лишуваат некого од правото на образование“ земјите договорнички му гарантираат секому во нивна јуриздикција право на пристап до образовните институции кои постојат во дадено време и можност за извлекување профит, со официјално признавање на студиите кои тој ги завршил, од добиеното образование (види, Кјелдсен, Буск Мадсен и Педерсен, цитиран горе, § 52, и Case “relating to certain aspects of the laws on the use of languages in education in Belgium”v. Belgium (основаност), 23 July 1968, Series A no. 6, pp. 31-32, § 4).
(д) Токму во извршувањето на природната обврска кон своите деца – родителите се најодговорни за „образованието и учењето“ на своите деца – родителите можат да побараат од Државата да ги почитува нивните религиозни и филозофски убедувања. Нивното право на тој начин одговара на обврската која е тесно поврзана со уживањето и остварувањето на правото на образование (види, Кјелдсен, Буск Мадсен и Педерсен, ибид).
(ѓ) Иако поединечните интереси во дадена прилика можат да бидат подредени на оние на една група, демократијата едноставно не значи дека гледиштата на мнозинство мора секогаш да имаат предимство: мора да се оствари рамнотежа која ќе обезбеди правично и соодветно постапување со малцинствата и ќе избегне злоупотреба на доминантна позиција (види, Валсамис, цитиран горе, § 27).
(е) Меѓутоа, поставувањето и планирањето на наставниот план потпаѓаат под принципот во рамките на надлежноста на државите договорнички. Ова главно вклучува прашања на целисходност за кои не е на Судот да одлучува и чие решение може легитимно да варира во зависност од земјата и ерата (види, Валсамис, цитиран горе, § 28). Особено, втората реченица на членот 2 од Протоколот 1 не ги спречува државите да обезбедат темелна настава или образовни информации или познавање од директно или индиректно религиозен или филозофски вид. Таа дури не дозволува родителите да приговараат на интеграцијата на таквото учење или образование во наставниот план на училиштето, бидејќи во спротивно целата институционализирана настава би се соочила со ризик да се покаже неприменлива (види, Кјелдсен, Буск Мадсен и Педерсен, цитиран горе, § 53).
(ж) Втората реченица од членот 2 од Протоколот бр. 1 од друга страна имплицира дека Државата во остварувањето на функциите преземени од неа во однос на образованието и наставата, мора да се погрижи информациите или знаењето што се вклучени во наставниот план да се пренесат на објективен, критички и плуралистичен начин. На државата и е забрането да се води од цел на индоктринација што може да се смета како да не ги почитува религиозните и филозофските убедувања на родителите. Тоа е ограничувањето кое не смее да се надмине (ибид.).
(з) Што се однесува до испитувањето на оспорената законска регулатива од членот 2 од Протоколот бр. 1, толкувана како горе, при избегнувањето на некаква проценка на целосходноста на законската регулатива мора да се земе во предвид материјалната состојба што барала и сè уште бара да се исполни. Секако, злоупотреби можат да се случат што се однесува на начинот на кој одредбите што се на сила се применуваат од одредено училиште или наставник и надлежните власти имаат обврска да се погрижат колку што е можно повеќе за религиозните и филозофските убедувања на родителите да не бидат отфрлени на ова ниво со невнимание, немање на пресуда или загубен прозелитизам (ибид., § 54).
2. Примена на тие принципи во актуелниот случај
85. Во примената на гореспоменатите принципи во случајот што се разгледува Судот ќе ги земе во предвид одлуките за допуштеност од 26 октомври 2004 г. и 14 февруари 2006 г., дефинирајќи го опсегот на случајот да биде испитан во однос на основаноста (види во параграф 8 горе). Прашањето што треба да утврди е дали тужената држава во исполнувањето на своите функции во однос на образованието и наставата се погрижила информациите или знаењето вклучени во Наставниот план за предметот по КРЛ да бидат пренесени на објективен, критичен и плуралистички начин или можеби имала за цел индоктринација без да се почитуваат религиозните и филозофските убедувања на родителите и со тоа го надминала лимитот што е посочен во членот 2 од Протоколот бр. 1. При разгледувањето на ова прашање, Судот особено ќе ја разгледа законската рамка на предметот по КРЛ со оглед дека имала општа примена во времето кога случајот се наоѓал пред националните судови.
86. Од самиот почеток треба да се забележи дека членот 2 од Конвенцијата, кој во својот прв став гарантира слобода на вероисповед, обезбедува во својот втор став дека Евангелистичко-лутеранската религија е официјалната државна религија и им наметнува на своите следбеници обврска да ги образуваат своите деца во таа насока (види во параграф 9 горе).
87. Она што е во сржта на актуелниот случај е правната рамка како што е дадена, особено во членовите 1-2(1) и 2-4 од Законот за образование од 1998 г., Циркуларните известувања Ф-90-97 и Ф-03-98 издадени од Министерството, и релевантните делови од Наставниот план за задолжителното десетгодишно образование. Исто така треба да се земат во предвид намерите зад предметот по КРЛ како што се изразени за време на подготвителните работи. Во оваа насока треба да се забележи дека прашањето дали учењето на децата на жалителот се случило на начин спротивен на Конвенцијата се наоѓа надвор од опсегот на случаите како што се ограничени од одлуката за допуштеност од 26 октомври 2004 г. Ова исто така се однесува на нивниот аргумент дека школските прирачници достигнале ниво на проповедање и можеле да влијаат врз учениците.
88. Ако се осврнеме најпрво на историјата треба да се повтори дека доминантната намера за воведувањето на предметот по КРЛ била дека со наставата по Христијанство, други религии и филозофии заедно, да може да се обезбеди отворена и инклузивна школска средина, без разлика на социјалната позадина на ученикот, религиозната догма или етничката група и т.н. Намерата била дека училиштето не треба да биде арена за проповедање или мисионерски активности туку место на среќавање за различните религиозни и филозофски убедувања каде учениците би можеле да се стекнат со знаење за нивните ценети мисли и традиции (види во параграф 15 горе). Според гледиштето на Судот, овие намери биле јасно согласни со принципи на плурализам и објективност отелотворено во членот 2 од Протоколот бр. 1.
89. Споменатите намери биле навистина отсликани во членот 2-4 од Законот за образование од 1998 г. (види во параграф 23 горе). Како што може да се види од формулацијата, одредбата го нагласува пренесувањето на знаење не само за Христијанството туку и за други светски религии и филозофии. Понатаму го нагласува промовирањето на разбирање и почитување, и способност за одржување дијалог меѓу луѓе со различни верувања и убедувања. Тој требало да биде обичен школски предмет што нормално би ги поврзал сите ученици и не требал да се предава на проповеднички начин. Различните религии и филозофии требале да се предаваат од гледна точка на нивните конкретни карактеристики и истите педагошки принципи требале да се применат во предавањето на различни теми. Од историјата на изготвување се јавува дека идејата била таква дека целта на избегнување на секташтво и негување на интеркулурен дијалог и разбирање би можеле подобро да бидат постигнати со поставеност, како овде, која би ги зближила учениците во рамките на еден заеднички предмет, наместо аранжман заснован на целосно ослободување и поделба на учениците во подгрупи кои следат различни теми (види во параграф 15 горе). Исто така, треба да се забележи дека, како што произлегува од изнесувањето на принципот во параграф 84 (е) горе, втората реченица од членот 2 од Протоколот бр. 1 не вклучува никакво право за родителите дека нивното дете треба да се држи во незнаење за религијата и филозофијата во рамките на неговото образование. Во таква ситуација, фактот дека запознавањето со Христијанството опфаќало поголем дел од Наставниот план за основните и нижите средни училишта отколку познавањето за други религии и филозофии не можел, според мислењето на Судот, сам по себе да се смета за оддалечување од принципите на плурализам и објективност што одел до ниво на индоктринација (види, mutatis mutandis, Angeleni v. Sweden, no 10491/83, Commission decision of 3 December 1986, Decisions and Reports 51). Во однос на местото што го зазема Христијанството во националната историја и традиција на тужената држава, ова мора да се смета дека потпаѓа под маргината на дискреција на Државата во планирањето и градењето на наставниот план
90. Меѓутоа Судот забележува дека додека акцентот се става на тоа дека наставата е заснована на знаење, членот 2-4(3) уредува дека наставата, предмет на согласност и соработка со родителите, треба за почетна точка да ја земе клаузулата за христијанската цел во членот 1-2(2), според која целта на основно и нижо средно образование била да им се помогне на учениците да им се даде христијанско и морално воспитание (види во параграфите 22-23 горе).
91. Понатаму треба да се забележи дека клаузулата за христијанската цел била составена од јасна надмоќ на Христијанството во содржината на предметот.
92. Во оваа насока, треба да се упати на изнесената цел во членот 2-4(1)(i) на Законот за образование од 1998 г. за „пренесување на темелно познавање на Библијата и Христијанството во форма на културно наследство и Евангелистичко-лутеранската вера“ (ставен е акцент). Наспроти тоа, немало барање за темелност во знаењето да се пренесе за другите религии и филозофии (види во параграфот 23 горе).
Дополнително, согласно членот 2-4(1)(ii), пренесувањето на знаење за други христијански заедници било цел.
Разликата што се однесува до нагласеното исто така била отсликана и во Наставниот план, каде приближно половина од наброените работи упатуваат само на Христијанството додека остатокот од работите биле поделени меѓу другите вери и филозофии. Во воведот се вели дека „Изучувањето на предметот има за цел на учениците да им обезбеди темелен увид во Христијанството и што христијанското гледиште на животот имплицира, како и здраво познавање на други светски религии и филозофии [ставен е акцент]” (види во параграф 49 горе).
93. Не е јасно дали зборот „Вера“ во точка (i) имплицирал квалитативни разлики споредено со не-лутеранските вери и други филозофии (види во параграф 23 горе). Во секој случај горспоменатите факти кои ставаат акцент на Христијанството мораат да имаат импликации по функционирањето на друга изнесена цел во членот 2-4(1), имено „(iv) да се промовира разбирање и почитување на христијанските и хуманистички вредности [ставен е акцент]“ (ибид.), посочувајќи нешто повеќе и друго покрај чисто пренесување на знаење. Во оваа насока може да се забележи дека Наставниот план содржел одредени нијанси во врска со наставните цели, на пример, учениците од петто до седмо одделение „треба да ги научат основите на христијанска вера и христијанска етика во контекст на ставовите што се заземени во Малиот Катехизам на Лутер“ [ставен е акцент]. Меѓутоа во врска со другите религии „учениците треба да ги учат главните одлики и важните приказни од Исламот, Јудаизмот, Хиндуизмот и Будизмот“; и учениците треба знаат за секуларната ориентација, развојот на хуманистичките традиции“ и т.н. [ставен е акцент]. За шесто одделение било кажано дека „учениците треба да имаат можност да ги научат Десетте божји заповеди на памет и да биде запознаени со етичките идеали нагласени во Проповедта на планината, [и] да научат нешто за тоа како овие основни етички текстови биле користени во историја на Христијанството и како тие се применуваат денес“. Немаше никаков еквивалент на листата на работи со кои „треба да се запознаат“ во однос на „Другите религии, Јудаизам“ (види во параграф 50 горе).
94. Исто така, членот 2-4(4) имплицира дека учениците можат да се вклучат во „религиозни активности“ кои конкретно би вклучувале молитви, псалми, учење на религиозни текстови на памет и учество во драми од религиозна природа (види во параграфите 23-24 горе). Иако не беше предвидено дека таквите активности треба да се поврзани исклучиво со Христијанството, и можат да се однесуваат и на други религии, на пример посета на џамија во случајот на Исламот, акцентот на Христијанството во Наставниот план природно би се отсликал и во изборот на образовни активности предложени на учениците во контекст на предметот по КРЛ. Како што беше признато во правилото за делумно ослободување во членот 2-4 од Законот за образование од 1998 г. и Циркуларното известување Ф-03-98, би било разумно за родителите да известат за својата намера во врска со ослободување на децата од религиозните активности посочени горе. Според гледиштето на Судот може да се претпостави дека учеството барем во некои од засегнатите активности, особено во случај на мали деца (види, see, mutatis mutandis, Dahlab v. Switzerland (dec.), no. 42393/98, ECHR 2001‑V), би можело да влијае на умовите на децата на начин со кој ќе се наметне прашањето согласно членот 2 од Протоколот бр. 1.
95. Оттука, кога се разгледуваат заедно со клаузулата за христијанската цел, описот на содржините и на целите на предметот по КРЛ поставени во членот 2-4 од Законот за образование од 1998 г. и други текстови кои формираат дел од законската рамка сугерираат дека не само квантитативните туку и квалитативните разлики важеле за наставата по Христијанство споредено со тие на други религии и филозофии. Со оглед на овие различности, не е јасно како понатамошната цел, поставена во точката (v) „за промовирање на разбирање, почитување и способност за одржување на дијалог меѓу луѓето со различни перцепции на верувањата и убедувањата“ би можела да се постигне. Според гледиштето на Судот разликите биле такви што тие едвај дека биле доволно намалени со условот даден во членот 2-4 дека наставата би следела унифициран педагошки пристап во однос на различните религии и филозофии (види во параграф 23 горе).
96. Потоа се наметнува прашањето дали за нерамнотежата што е нагласена горе може да се каже дека достигнала ниво кое е прифатливо согласно членот 2 од Протоколот бр. 1 со можност за учениците на побараат делумно ослободување од предметот по КРЛ согласно членот 2-4(4) од Законот за образование од 1998 г. Согласно оваа одредба „на ученикот, со поднесувањето на писмената белешка од родителот, ќе му се дозволи ослободување од оние делови од наставата во засегнатото училиште што од гледна точка на нивната сопствена религија или филозофија на живеење, сметаат дека достигале ниво на практикување на друга религија или почитување на друга филозофија на живеење“.
Во оваа насока Судот повторува дека како што е посочено во неговата одлука за допуштеност од 14 февруари 2006 г., ограничувањата во однос на опсегот на случајот што следел од одлуката од 26 октомври 2004 г. прогласувајќи делови од жалбата за недопуштени не го спречува да ги разгледа општите аспекти на аранжманот за делумно ослободување на жалителот во однос на одбивањето за целосно ослободување (види во параграф 8 горе).
97. Во врска со ова Судот забележува дека операцијата за аранжман за делумно ослободување претпоставувала најпрво дека засегнатите родители требало соодветно да бидат информирани за деталите околу плановите на лекциите за да можат да ги идентификуваат и да го информираат училиштето од напред кои делови од наставата не би биле компатибилни со нивните сопствени убедувања и верувања. Ова би можело да биде предизвик не само за родителите туку и за наставниците, кои честопати имале тешкотии со изработката и доставувањето од напред на детални планови за лекциите до родителите (види во параграф 29 горе). Во отсуство на некаква формална обврска за наставниците да ги следат учебниците (види точка 10 во цитатот во параграф 48 горе), мора да било тешко за родителите постојано да бидат информирани за содржините на наставата што се одвивала во училницата и да се издвојат некомпатибилните делови. Тоа мора да било дури и потешко кога се работело за општото христијанско потпирање во предметот по КРЛ коешто претставувало проблем.
98. Второ, согласно циркуларното известување Ф-03-98, освен примерите, кога барањата за ослободување се однесувале на јасно религиозни активности – каде не морало да се дадат никакви основи – услов за да се добие делумно ослободување бил родителите да дадат разумни основи за своето барање (види го цитатот од Циркуларното известување во расудувањето на Врховниот суд во параграф 42 горе). Судот забележува дека информацијата за личното религиозно и филозофско убедување се однесува на некои од најинтимните аспекти на приватниот живот. Тој се согласува со Врховниот суд дека наметнувањето на обврска врз родителите да објават детални информации пред школските власти за своите религиозни и филозофски убедувања можело да претставува повреда на членот 8 од Конвенцијата и евентуално на членот 9 (ибид.). Во актуелниов случај важно е да се забележи дека немало обврска за родителите да ги обелоденат сопствените убедувања. Исто така Циркуларното известување Ф-03-98 ги упатило училишните власти на потребата од соодветно земање во предвид на правото на родителите за почитување на нивниот приватен живот (ибид.). Судот сепак смета дека нераздвоеноста во условот да се дадат разумни основи била ризик дека родителите можат да се чувствуваат обврзани да им обелоденат на школските власти интимни аспекти на нивните сопствени религиозни и филозофски убедувања. Ризикот од таква принуда бил уште поприсутен во однос на горепосочените тешкотиите на родителите во идентификувањето на деловите од наставата што тие ги сметале дека достигнале практикување на друга религија или придржување на друга филозофија на живеење. Дополнително, прашањето дали барањето за ослободување било разумно наводно било потенцијален основ кој можел да предизвика конфликт, ситуација која родителите може да претпочитаат едноставно да ја избегнат со тоа што ќе сакаат ослободување.
99. Трето Судот забележува дека дури и во случај белешката од родителот со која се бара делумно ослободување да се смета за разумна, ова неопходно не значело дека засегнатиот ученик би бил ослободен од дел од наставниот план во прашање. Членот 2-4 уредува дека „училиштето во рамките на своите можности ќе се обиде да најде решенија со овозможување на диференцирана настава во рамките на наставниот план во училиштето“. Детален приказ со примери за тоа како диференцираната настава требало да биде спроведена може да се најде во Циркуларното известување Ф‑03-98, од каде може да се види дека наставникот требал да примени, во соработка со родителите, флексибилен пристап земајќи ги во предвид религиозните или филозофските врски и видот на активност во прашање. Судот забележува особено дека за низа активности, на пример молитви, пеењето на химни, црковни служби и школски драми, било предложено дека набљудувањето со присуство би можело соодветно да го замени вклучувањето преку учество, при што основната идеа, со оглед на сочувувањето на интересот за пренесување знаење во согласност со наставниот план, ослободувањето требало да може да се поврзе со активноста како таква, а не со знаењето што треба да се пренесе преку засегнатата активност (види во параграф 48 горе). Меѓутоа според гледиштето на Судот оваа дистинкција меѓу активноста и знаењето не само што не смеела да се искомплицира за да функционира во пракса туку исто така се чини веројатно дека значително ја има намалено делотворноста на правото на делумно ослободување како такво. Покрај тоа, на чисто практично ниво родителите може да имаат погрешен впечаток за барањето од наставниците да преземат дополнителен товар за диференцирана настава (види во параграф 29 горе).
100. Во контекст на горенаведеното, Судот утврди дека системот за делумно ослободување можел да ги подложи засегнатите родители на тежок товар со ризик од несоодветно изложување на нивниот приватен живот и дека потенцијалот за конфликт имало веројатност да ги одврати од поднесување на барање. Во одредени примери, имено во однос на активностите од религиозен карактер, опсегот на делумно ослободување можел дури и значително да биде намален со диференцираната настава. Ова тешко дека можело да се смета за согласно со правото на родителите за почитување на нивните убедувања за потребите на членот 2 од Протоколот бр. 1, како што е толкуван во контекст на членовите 8 и 9 од Конвенцијата. Во оваа насока мора да се запомни дека Конвенцијата е дизајнирана „да ги гарантира не правата кои се теоретски или илузорни туку правата кои се практични или делотворни“ (види Öcalan v. Turkey [GC], no. 46221/99, § 135, ECHR 2005‑IV).
101. Според Владата ќе било можно за родителите жалители да побараат алтернативно образование за своите деца во приватни училишта, кои биле сериозно субвенционирани од тужената држава, со оглед дека таа покривала 85% од сите трошоци поврзани со воспоставувањето и водењето на приватните училишта. Меѓутоа Судот смета дека во овој случај постоењето на таква можност не можело да ја ослободи државата од нејзината обврска да го штити плурализмот во државните училишта кои се отворени за сите.
102. Во вакво опкружување, без разлика на многубројните законодавни цели достојни за пофалба дадени во врска со воведувањето на предметот по КРЛ во обичните основни и нижи средни училишта, не се чини дека тужената држава покажала доволна грижа информациите и знаењето што се вклучени во наставниот план да бидат пренесени на објективен, критички и плуралистички начин за потребите на членот 2 од Протоколот бр. 1.
Соодветно на тоа Судот одлучи дека одбивањето да им се дозволи на родителите жалители целосно ослободување од предметот по КРЛ за нивните деца повлекло повреда на членот 2 од Протоколот бр. 1.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 14 ОД КОНВЕНЦИЈАТА РАЗГЛЕДАН ЗАЕДНО СО ЧЛЕНОВИТЕ 8 И 9 И ЧЛЕНОТ 2 ОД ПРОТОКОЛОТ Бр. 1
103. Жалителите тврделе дека системот на делумно ослободување вклучувал тешкотии и товари за родителите кои повлекувале дискриминација. Наспроти тоа претходниот систем со општото ослободување и предметот по не-верска, плуралистичка филозофија на живеење за оние што биле ослободени би ги задоволил и училишните обврски и родителските права на начин како што се заштитени од Конвенцијата.
104. Владата го оспори тврдењето дека условот за родителите кои барале ослободување од одредени елементи на предметот по КРЛ (делумно ослободување) достигнал ниво на дискриминација со повреда на членот 14. Клаузулата за ослободување во Законот за образование од 1998 г. била недискриминирачка. Ослободувањата биле достапни во иста мерка за сите родители без разлика, според формулацијата на членот 14, „полот, расата, бојата, јазикот, религијата, политичките или другите мислења, националното или социјалното потекло ...“. Клаузулата за ослободување не повлекувала линија меѓу Христијаните од една страна и оние кои не биле тоа од друга. Другите предмети како што се историја, музика, физичко образование и социјални студии, исто така можеле да наметнат религиозни или етички прашања. Клаузулата за ослободување вклучена во членот 2-4 од Законот за образование од 1998 г. важела за сите предмети. Според размислувањето на родителите, дозволата само за делумно ослободување од овие предмети исто така била дискриминирачка. Според гледиштето на Владата, единствениот функционален систем како за тие предмети така и за предметот по КРЛ било да се дозволи делумно ослободување. Доколку тоа значело дискриминација, членот 14 ќе го направел спроведувањето на поголемиот дел од задолжителното образование невозможно.
105. Судот со оглед на своите наоди горе (види во параграфите 96 до 102 горе), не смета дека е неопходно да спроведува посебна проверка во однос на членот 14 од Конвенцијата земен во врска со членовите 8 и 9 и членот 2 од Протоколот бр. 1.
III. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
106. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
А. Штета
107. Жалителите не барале никаков надоместок за материјална штета но побарале износ во однос на нематеријална штета, износ кој требало да биде утврден од Судот по сопствена дискреција, за страдањето и маките предизвикани со повредата на Конвенцијата во нивниот случај.
108. Владата не дала никакви коментари за горенаведеното побарување.
109. Наодот на Судот дека имало повреда би имал последици пошироко од границите на овој конкретен случај со оглед дека повредата произлегла директно од оспорената правна рамка, а не од начинот за нејзино спроведување. Со оглед на подготвеноста изразена од Владата за разгледување на предметот по КРЛ, Судот смета дека неговата одлука за прекршување на членот 2 од Протоколот бр. 1 претставува доволно правичен надоместок согласно членот 41 од Конвенцијата.
Б. Трошоци и издатоци
110. Жалителите понатаму барале рефундирање за правните трошоци и издатоци кои достигнувале 979.798 норвешки круни („НОК“, приближно 117.000 евра („ЕУР“)), за следниве ставки:
(а) 308.558 НОК кои настанале пред домашните судови;
(б) 637.066 НОК за работата на адвокат на постапката пред Судот од 2002 до 2006 година;
(в) 34.174 НОК за патни трошоци за адвокатот, советниците и жалителите за присуство на усната расправа во Стразбур на 6 декември 2006 г.
Гореспоменатите износи го вклучуваат и данок на додадена вредност („ДДВ“).
111. Владата изјави дека тие немале приговор по горе наведените побарувања.
112. Според судската пракса на Судот еден жалител има право на рефундирање на сопствените трошоци и издатоци само доколку покажел дека истите настанале реално и неопходно и биле разумни во однос на износот. Во овој случај со оглед на информациите што ги поседувал и горенаведените критериуми, Судот сметал дека било разумно да се покријат ставките (а) и (в) во целост. Меѓутоа што се однесува до ставката (б) Судот забележувајќи дека дел од жалбата била прогласена за недопуштена, не е задоволен дека сите трошоци и издатоци настанале неопходно за да се обезбеди надоместок заради повреда на Конвенцијата. Тој смета дека е разумно да се додели износ од 70.000 евра за трошоците и издатоците на жалителите (вклучително ДДВ).
В. Казнена камата
113. Судот смета дека е соодветно казнената камата да се заснова на маргиналната стапка на позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучи со девет гласа наспроти осум дека имало повреда на членот 2 од Протоколот бр. 1;
2. Едногласно одлучи дека не е неопходно да се испита жалбата на жалителите согласно членот 14 од Конвенцијата земена во врска со членовите 8 и 9 и членот 2 од Протоколот бр. 1.
3. Едногласно одлучи дека одлуката за повреда сама по себе е доволно правичен надоместок за нематеријалната штета што ја претрпеле жалителите.
4. Одлучи едногласно
(а) дека тужената држава треба да им исплати на жалителите заедно, во рок од три месеци 70,000 евра (седумдесет илјади евра) за трошоци и издатоци, конвертирани во националната валута на тужената држава по курсот што ќе важи на денот на исплатата;
(б) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до спогодбата простата камата ќе се плаќа на гореспоменатите износи по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската централна банка за време на казнениот период плус три процентни поени;
5. Едногласно ги отфрла остатокот од побарувањето на жалителот за правичен надоместок.
Изготвена на англиски и француски јазик, и донесена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 29 јуни 2007 г.
Винсент БергерЖан-Пол Коста
Правен советникПретседател
Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, на оваа пресуда приложени се следниве мислења:
(а) издвоено мислење на судиите Зупанчич и Борего Борего;
(б) заедничко мислење на несогласување на судиите Вилдхабер, Лоренцен, Бирсен, Ковлер, Штајнер, Борего Борего, Хаџиев и Јебенс.
Ж.-П.К.
В.Б.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
[1]. Кратенка која се користи од Комитетот за предметот по КРЛ.
Full & Egal Universal Law Academy