© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013
Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За повеќе информации видeте ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013
This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013
La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ВТОР ОДДЕЛ
CЛУЧАЈ GAGLIANO GIORGI против ИТАЛИЈА
(Жалба бр. 23563/07)
(Извадоци)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
6 март 2012
Оваа пресуда ќе стане конечна во околностите наведени во член 44, став 2 од Конвенцијата. Пресудата може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Gagliano Giorgi против Италија,
Европскиот суд за човекови права (Втор оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Françoise Tulkens, Претседател,,
Danutė Jočienė,
Dragoljub Popović,
Işıl Karakaş,
Guido Raimondi,
Paulo Pinto de Albuquerque,
Helen Keller, судии,
и Françoise Elens-Passos, Заменик секретар на оддел,
Откако расправаше на затворена седница на 14 февруари 2012,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на тој датум:
ФАКТИ
1. Жалителот, г-н Mario Gagliano Giorgi, е италијански државјанин кој е роден во 1949 и живее во Милано. Жалбата беше поднесена до Судот на 31 мај 2007. Жалителот пред Судот беше застапуван од г-н
B. Nascimbene и г-ѓа M.S. Mori, адвокати од Милано. Италијанската Влада („Владата“) ја застапуваше нејзиниот агент, г-ѓа E. Spatafora, и нејзиниот ко-агент, г-н N. Lettieri.
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
2. Фактите на случајот, презентирани од странките, може да се резимираат на следниот начин.
A. Главната постапка
3. Жалителот бил инспектор во Бирото за имиграција на полицијата во Милано (Questura).
4. Со декрет од 5 септември 1988, доставен следниот ден, канцеларијата на јавниот обвинител од Окружниот суд во Милано го информирала жалителот, дека била поведена постапка против него за изнудување (член 317 и член 81 од Кривичниот законик) и биле наредени претреси на куќата и канцеларијата на жалителот, кои биле извршени на 6 септември 1988.
5. На 9 септември 1988 бил одземен компјутерот на жалителот.
6. На 20 март 1989 истражниот судија од Окружниот суд во Милано наредил нови претреси, кои биле спроведени следниот ден. На 20 март 1989 судијата издал налог за апсење на жалителот по обвинение за изнудување (член 317 и член 81 од Кривичниот законик) и фалсифукување (член 479 од Кривичниот законик). Жалителот бил обвинет дека принудувал или вршел притисок врз странци на кои им требале документи за престој да му платат пари за да ги добијат нивните документи од Бирото за имиграција, и затоа што го имал изменето записникот на изјави од странски државјанин кој ја пријавил оваа практика. Судијата исто така наредил апсење на шест други лица посочени за истите практики.
7. На 21 март 1989 префектот (Questore) на Милано го суспендирал жалителот од работа.
...
11. На 21 јуни 1989, во одговор на третото барање на жалителот, судијата наредил негово ослободување од причина што канцеларијата на јавниот обвинител собрала доволно докази па повеќе немало ризик дека тој ќе сокрие докази.
12. На 25 јануари 2989 судијата наредил жалителот да биде изведен пред Окружниот суд во Милано (пропис бр. 185/90). Седум други лица биле исто така изведени пред суд.
13. Биле одржани шест рочишта помеѓу 8 и 23 мај 1990, на кои биле испитани фактите и сослушани сведоците. Во пресуда од 25 мај 1990, доставена во секретаријатот на судот на 22 јуни 1990, судот одлучил дека жалителот е виновен за изнудување и фалсификување на исправа, го осудил на казна затвор од четири години и шест месеци и доживотно му забранил вршење на јавни функции.
14. На 26 мај 1990 жалителот ја оспорил пресудата пред Апелациониот суд во Милано (пропис бр.. 4630/90), барајќи нова истрага и расправа, негово ослободување или преквалификување на кривичнот дело во примање поткуп.
15. На 5 јули 1990 пред Окружниот суд во Монца жалителот ја избрал општината С. Ценоне ал Ламбро (Милано), грижа на г-ѓа В.С., како негова адреса за доставување писмена од постапката пред Апелациониот суд во Милано.
...
18. Во пресуда од 29 ноември 1993, доставена во секретаријатот на 22 декември 1993, Апелациониот суд ја потврдил осудата на жалителот за некои од обвиненијата за изнудување и ја намалил неговата вкупна казна на три години и осум месеци за изнудување и фалсификување исправа.
19. На 24 декември 1993 жалителот изјавил ревизија, барајќи како негов прв аргумент пресудата на Апелациониот суд да биде укината затоа што поканата за рочиштето од 18 мај 1993 му била доставена на адресата на неговиот адвокат, а не на адресата која тој ја пријавил на 5 јули 1990. Како алтернатива, тој повторно побарал преквалификување на кривичното дело во примање поткуп.
20. Во пресуда од 29 септември 1994, доставена во секретаријатот на 1 декември 1994, Касациониот суд ја укинал пресудата на Апелациониот суд и го вратил предметот на друг оддел на тој суд, меѓу другото, затоа што поканата била доставена на погрешна адреса.
21. Во меѓувреме, на 10 март 1994 префектот на Милан ја изменил одлуката за суспензија на жалителот. Жалителот бил префрлен да работи во префектурата во Торино.
22. Расправата за аргументите на странките пред Апелациониот суд во Милано (бр. 2637/94) била закажана за 29 јануари 1996. На неутврден датум Апелациониот суд одлучил да му суди на жалителот во отсуство.
23. Во пресуда од 1 март 1996, доставена во секретаријатот на 30 април 1996, Апелациониот суд, откако го изменил обвинението во „примање поткуп“, го прогласил кривичното гонење за делото за застарено. Го осудил жалителот за фалсификување исправа на условна казна затвор од една година и му забранил да врши јавни функции една година како споредна казна.
24. На неутврден датум пред јули 1996, жалителот поднесол нова ревизија. Тој посочил дека при доставата на покани на избраната адреса, грижа на г-ѓа В.С., секретаријатот на судот погрешно го адресирал препорачаното писмо до г-ѓа В.С., а не до жалителот.
25. Во пресуда од 7 октомври 1997, доставена во секретаријатот на 18 октомври 1997, Касациониот суд ја прифатил ревизијата на жалителот и го вратил предметот на друг оддел на Апелациониот суд.
26. На неутврден датум секретаријатот на Апелациониот суд ја доставил поканата за рочиште на 26 март 1998 (бр. 4288/97) на еден од адвокатите на жалителот.
27. На истиот датум Апелациониот суд ја прогласил поканата за ништовна и ѝ наредил на полицијата да ја достави поканата за рочиште на 11 јуни 1998 на адресата на г-ѓа В.С. и во префектурата во Торино, каде во меѓувреме жалителот почнал да работи.
28. После расправата од 11 јуни 1998, во пресуда донесена истиот ден и доставена во секретаријатот на 24 јуни 1998, Апелациониот суд го прогласил обвинението за примање поткуп за застарено и ја потврдил условната казна затвор за фасификување исправа, и како споредна казна, му забранил вршење на јавна функција една година.
29. На 2 октомври 1998, жалителот повторно изјавил ревизија. Тој тврдел дека поканата за расправата од 11 јуни 1998, доставена на адреса од г-ѓа В.С., не го посочувала правилно надлежниот судски орган, и дека поканата доставена во префектурата во која работел не била валидна затоа што му била дадена на неговиот хиерархиски надреден.
30. Во пресуда од 14 април 1999, доставена во секретаријатот на 29 април 1999, Касациониот суд ја одбил ревизијата на жалителот од причина што, според судската пракса на судот, кога поканата била доставена на адреса на надредениот на лицето за кого таа е наменета, се претпоставувало дека тоа лице било известено и дека поканата затоа била валидна.
Б. Првата жалба до Судот
31. На 12 октомври 1999 жалителот изјави жалба бр. 52228/99 до Судот во однос на правичноста на кривичната постапка против него.
32. На 8 ноември 2002 Судот ја прогласи жалбата за очигледно неоснована, во согласност со член 28 од Конвенцијата.
В. Процедурата „Пинто“
33. На 16 октомври 2001 жалителот се обратил до Апелациониот суд во Бреша согласно „Законот Пинто“, барајќи 60,000,000 италијански лири (30,987 евра (ЕУР)) за материјална и нематеријална штета наводно нретрпена поради должината на кривичната постапка.
34. Во одлука доставена на 21 февруари 2002 Апелациониот суд одлучил дека имало повреда на член 6, став 1 од Конвенцијата само во однос на периодот од пресудата на Окружниот суд во Милано (22 јуни 1990) до донесувањето на првата пресуда по жалба (29 ноември 1993). Судот сметал, со оглед на бројот на судови кои го разгледале предметот, дека немало непотребни одолжувања во другите фази од постапката. Тој не доделил надомест на штета, сметајќи дека жалителот не докажал дека тој претрпел било каква материјална или нематеријална штета и дека, во секој случај, затоа што бил осуден на крајот на главната постапка, тој не можел да претрпи нематеријална штета во однос на нејзиното траење.
35. На 24 април 2002 жалителот изјавил ревизија. Во пресуда доставена на 24 октомври 2003 Касациониот суд ја укинал обжалената пресуда, одлучувајќи дека неповолниот исход од постапката, не можел, сам по себе, да исклучи постоење на нематеријална штета поврзана со нејзината должина, и исто така дека наводот за штета поради прекумерната должина на постапката морал да се прифати. Случајот бил вратен до Апелациониот суд во Бреша.
36. На 20 април 2004 жалителот се обратил до тој суд, тврдејќи, меѓу другото, дека после пресудата од 24 октомври 2003 Општата седница на Касациониот суд донесла четири пресуда (бр. 1338, 1339, 1340 и 1341 oд 2004) одлучувајќи дека не било потребно да се докаже постоење на нематаеријална штета.
37. Во одлука од 7 јули 2004, доставена во секретаријатот на 21 јули 2004, Апелациониот суд ја одбил жалбата, од причина што принципите кои произлегувале од пресудите на Општата седница на Касациониот суд не биле директно применливи при повторно судење и дека жалителот не го поткрепил со докази неговото барање за надомест на нематеријална штета како што требало. Судот исто така одлучил дека било во негов интерес да ја одолжува постапката така што кривичните дела за кои бил обвинет станале застарени.
38. На 15 ноември 2004 жалителот изјавил ревизија. Во пресуда доставена во секретаријатот на 6 декември 2006, Касациониот суд ја одбил ревизијата и му наредил на жалителот да плати 3,000 ЕУР за судски трошоци.
...
ПРАВО
I. ЖАЛБЕНИ НАВОДИ ПО ЧЛЕН 6, СТАВ 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
...
A. Траењето на главната постапка и отсуство на обештетување преку процедурата „Пинто“
50. Судот воочува дека жалителот се жалеше на повреда на член 6 од Конвенцијата затоа што не добил надомест на штета за постапката против него која траела десет години и седум месеци за три степени на надлженост.
Отсуство на значителна неповолност [Lack of a significant disadvantage]
51. Во нејзините опсервации од 20 мај 2010 Владата тврдеше дека жалителот не претрпел значителна неповолност. Таа се повика на текстот на член 35, став 3, потстав б од Конвенцијата, изменет со Протокол бр. 14, според кој Судот може да прогласи жалба за недопуштена ако смета дека „жалителот не претрпил значителна неповолност, освен ако почитувањето на човековите права дефинирани во Конвенцијата и протоколите кон неа не наложуваат мериторно испитување на жалбата и предвидувал дека ниту еден случај не може да биде отфрлен по овој основ кој не бил соодветно разгледан од домашен суд“.
52. Владата, потврди, посебно, дека одолжувањето на постапката за која станува збор му овозможило на жалителот неговата казна да се намали затоа што обвинението за примање поткуп било прогласено за застарено. Таа понатаму истакна дека жалителот ја попречувал постапката за обвинението против него да застари.
53. Жалителот ги отфрли аргументите на Владата кои се однесувале на тоа дека тој ја попречувал постапката и негираше дека имал полза од примената на одредбите за застареност. Тој тврдеше, особено, дека затоа што со пресудата на Апелациониот суд од 1 март 1996 неговата казна веќе била условна, фактот што гонењето станало застарено не влијаел значително на неговата санкција.
54. Судот посочува дека целта на новиот критериум за допуштеност „значителна неповолност’ е да се овозможи брзо решавање на немериторни случаи и така да овозможи тој да се концентрира на неговата главна мисија на давање правна заштита на правата гарантирани со Конвенцијата и нејзините протоколи (види Stefanescu v. Romania (dec.), no. 11774/04, 12 April 2011, § 35).
55. Инспириран од општиот принцип de minimis non curat praetor, новиот критериум се потпира на идејата дека повреда на право, колку и да е реална од чисто правна гледна точка, треба да достигне минимално ниво на сериозност за да наложи разгледување од страна на меѓународен суд (види Korolev v. Russia (dec.), no. 25551/05, 1 July 2010). Оцената на ова минимално ниво, е според природата на нештата, релативна и зависи од сите околности на случајот (види Korolev, цитиран погоре, и, mutatis mutandis, Soering v. the United Kingdom, 7 July 1989, § 100, Series A no. 161). Сериозноста на една повреда треба да се процени со земање предвид и на субјективните перцепции на жалителот и на она за што објективно се одлучува во конкретен случај.
56. Со оглед на критериумите утврдени во неговата судска пракса, Судот смета дека во проверувањето дали повредата на правото го достигнува минималното ниво на сериозност, следните фактори, меѓу другото треба да се земат предвид: карактерот на правото кое е наводно повредено, сериозноста на наводната повреда за остварувањето на тоа право и/или можните последици од повредата за личната ситуација на жалителот (види Giusti v. Italy, no. 13175/03, § 34, 18 October 2011).
57. Во овој случај, Судот воочува дека заради траењето на постапката која е во прашање, на 1 јуни 1998 Апелациониот суд го прогласил обвинението за поткуп за застарено, и дека тоа довело до намалување на казната на жалителот, затоа што, од двете кривични дела за кои тој бил обвинет, тоа било делото кое носело построга казна, иако документите пред Судот не го посочуваат точниот степен на тоа намалување ниту појаснуваат дали на крај имало било каква врска помеѓу намалувањето и повредата на условот за „разумен рок“. Судот понатаму забележува дека жалителот не одлучил да се откаже од застареноста, на што имал право согласно италијанското право. Во тие околности, Судот смета дека намалувањето на казната во најмала рака било надомест за или значително ја намалило штетата која вообичаено настанува поради прекумерна должина на кривична постапка. Понатаму, Судот не ја гледа релевантноста на опсервациите на жалителот во однос на фактот што со пресудата од 1 март 1989 му била изречена условна осуда (види параграф 23 погоре). Судот во тој поглед воочува дека во истата пресуда Апелациониот суд во Милано веќе го прогласил гонењето за примање поткуп за застарено.
58. Судот затоа смета дека жалителот не претрпил „значителна неповолност“ во однос на неговот право на судење во разумен рок.
59. Што се однесува на тоа дали почитувањето на човековите права заштитени со Конвенцијата и нејзините протоколи наложува мериторно испитување на жалбата, Судот повторува дека овој поим упатува назад на условите веќе дефинирани за примена на член 37, став 1 и член 38, став 1 од Конвенцијата (во нејзината верзија пред Протокол бр. 14). Институциите на Конвенцијата конзистенто ги толкуваат овие одредби дека наложуваат продолжено разгледување на случај дури и кога била постигната пријателска спогоба или кога има основи за бришење на жалбата од листата на жалби на Судот. Сепак, исто така е утврдено дека не е потребно такво испитување кога има јасна и многу обемна судска пракса по прашањето од Конвенцијата за кое станува збор во случајот пред Судот (види, помеѓу други претходни одлуки, Van Houten v. the Netherlands (striking out), no. 25149/03, ECHR 2005-IX, и Kavak v. Turkey (dec.), nos. 34719/04 and 37472/05, 19 May 2009).
60. Во овој случај, Судот смета дека затоа понатамошно испитување на жалбата не е оправдано со било каков императив на европскиот јавен поредок, чии инструменти се Конвенцијата и протоколите.
61. Со жалбата се поставува прашање за неразумна должина на кривичната постапка, посебно должината на главната постапка во контекст на правниот лек воведен со „Законот Пинто“, за кој Судот има богата судска пракса (види, помеѓу други претходни пресуди, Cocchiarella v. Italy [GC], no. 64886/01, ECHR 2006‑V; Simaldone v. Italy, no. 22644/03, 31 March 2009; и Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, ECHR 2000‑IV).
62. Во такви околности Судот смета дека почитувањето на човековите права не наложува продолжување на испитувањето на жалбата.
63. На крај, што се однесува на третиот услов за допуштеност согласно новиот критериум, имено дека ниту една жалба не може да биде отфрлена која не била „целосна разгледана од домашен суд“, Судот повторува дека неговата цел е да осигура дека секој случај добива судска оцена, дали на домашно ниво или европско ниво. Клаузулата е исто така во согланост со принципот на супсидијарност, иразен особено во член 13 од Конвенцијата, кој наложува дека ефикасен правен лек против повреди на Конвенцијата е достапен на домашно ниво (види Korolev, цитирано погоре). Заедно со претходната заштитна клаузула, гарантира дека Судот ќе испитува сериозни прашања кои влијаат врз примената или толкувањето на Конвенцијата и нејзините протоколи или важни прашања во однос на домшано право (види го обајснувачкиот озвештај кон Протокол бр.14, параграф 83).
64. Во овој случај, Судот воочува дека прашањето за должина кривичната постапка било разгледано од надлежните судови (апелациони судови и Касациониот суд) во смисла на законот „Пинто“, жалителот ја истакнал до повисокиот суд неговата основа за жалба против одлуката на понискиот суд да не му додели надомест на штета.
65. Во овие околности Судот смета дека случајот било соодветно разгледан од домашен суд и не останеле неодговорени никакви важни прашања кои влијаат врз примената или толкувањето на Конвенцијата или во однос на домашното право.
66. Со оглед на тоа што беше наведено претходно и на условите предвидени во член 35 став 3, потстав б од Конвенцијата, Судот смета дека овој жаалбен навод мора да се прогласи за недопуштен согласно член 35, став 3, потстав б и став 4 од Конвенцијата.
...
ОД ТИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО:
1. Го прогласува жалбениот навод во однос на прекумерното траење на постапката „Пинто“ за допуштен и останатиот дел од жалбата за недопуштен;
...
Изработена на француски јазик и доставена во писмена форма на 6 март 2012, согласно правило 77, став 2 и став 3 од Правилата на Судот.
Françoise Elens-PassosFrançoise Tulkens
Заменик секретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се преземе од HUDOC базата на податоци на судска пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на случајот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако целта е да се употреби било кој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy