Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ ГАЛАРДО САНЧЕЗ (GALLARDO SANCHEZ) против ИТАЛИЈА
(Жалба бр. 11620/07)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
24 март 2015
КОНЕЧНА
24/06/2015
Оваа пресуда станала конечно согласно членот 44 став 2 од Конвенцијата. Може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Галардо Санчез (Gallardo Sanchez) против Италија,
Европскиот суд за човекови права (четвртти оддел) кој заседаваше во совет составен од :
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä), претседателка,
Гвидо Рајмонди (Guido Raimondi),
Жорж Николау (George Nicolaou),
Леди Бианку (Ledi Bianku),
Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria),
Пол Махони (Paul Mahoney),
Кристоф Војтучек (Krzysztof Wojtyczek), судии,
и од Фатош Ареџи (Fatoş Aracı), заменичка секретарка на oдделот
Расправајќи на затворена седница на 3 март 2015 година,
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалба (бр. 11620/07) против Република Италија поднесена од страна на венецуелански државјанин, г-дин. Мануел Рогелио Галардо Санчез (Manuel Rogelio Gallardo Sanchez) („ жалителот“), до Судот на 7 март 2007 г. согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“).
2. Жалителот беше застапуван пред Судот од страна на г-дин. С. Колурдис (S.Koulouroudis), адвокат во Атина. Италијанската Влада („владата“) беше застапувана од нејзината агентка, г-ѓа Е. Спатафора (Е. Spatafora).
3. Жалителот се жали дека должината на притворот на кој бил подложен заради негова екстрадиција претставува повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата.
4. Овој жалбен навод беше преквалификуван согласно членот 5 § 1 f). На 2 мај 2013 година, жалбата беше доставена до владата.
5. На 16 декември 2013 г., копија од забелешките на владата беше испратена до застапникот на жалителот да го покани да ги поденсе до Судот неговите забелешки во одговор, како и неговите барања за правичен надомест. И покрај интересот што го покажа жалителот сведочејќи за неговата волја да се продолжи разгледувањето на случајот, неговиот застапник не ги испрати забелешките во бараниот рок.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
6. Фактите на случајот, онака како што беа изложени од страните, можат да се сумираат како што следи.
7. Жалителот, г-дин Мануел Рогелио Галардо Санчез, е венецуелански државјанин роден во 1965 година, кој живее во Кејп Таун.
8. На 19 април 2005 година жалителот, обвинет за подметнување пожар од страна на грчките власти, бил ставен приведен во очекување на екстрадиција во извршување на налог за апсење издаден од страна на Апелациониот суд од Атина на 26 јануари 2005 година, според Европската конвенција за екстрадиција од 13 декември 1957 година.
9. На 22 април 2005 година, Апелациониот суд од Акила го потврдил приведувањето на жалителот и наредил продолжување на неговиот притвор.
10. На 26 април 2005 година, Министерството за правда побарало од Апелациониот суд да се продолжи притворот на жалителот.
11. На рочиштето од 27 април 2005 година, претседателот на Апелациониот суд, потпирајќи се на членот 717 од Законот за кривична постапка (ЗКП) (видете став 25 подолу), пристапил кон идентификација на жалителот и го прашал дали се согласува да биде екстрадиран. Засегнатиот не се согласил.
12. На 9 јуни 2005 година, Министерството за правда го информирало Апелациониот суд дека, на 25 мај 2005 година, грчките власти испратиле барање за екстрадиција придружено со сите документи потребни во прилог на таквото барање.
13. На 21 јуни, 2005 година, обвинителството побарало од Апелациониот суд да го прифати барањето за екстрадиција.
14. Рочиштето било закажано на 15 декември 2005 година. На барање на застапникот на жалителот, рочиштето била одложено до 12 јануари 2006 година.
15. Без да спроведе какво и да е истражно дејство, Апелациониот суд издал мислење во полза на екстрадицијата со одлука од 12 јануари 2006 година, поднесена на 30 јануари, 2006. Тој ја проверил усогласеноста на барањето за екстрадиција со Европската конвенција за екстрадиција и почитување на принципите на ne bis in idem и на двојната инкриминација, ја отстранил претпоставката дека во основата на кривичното гонење се наоѓале причини од дискриминаторска или политичка природа.
16. На 3 март 2006 година, жалителот поднел жалба пред Касацационот суд, тврдејќи особено дека барањето за негова екстрадиција било наводно испратено од страна на грчките власти по истекувањето на рокот од четириесет дена предвиден со членот 16 § 4 од Европската конвенција за екстрадиција, од што, според него, произлегувало дека неговото притворање било незаконито. Тој тврдел уште дека обвиненијата против него од страна на грчките власти не биле засновани на сериозни индиции за вина. Затоа, според неговите зборови, неговиот притвор требало да биде прекинат.
17. Со пресуда од 11 мај 2006, доставена до судскиот секретаријат на 18 септември 2006 година, Касациониот суд ја одбил жалбата со образложение од една страница, главно поради тоа што барањето за екстрадиција пристигнало во рокот утврден од страна на Европската конвенција за екстрадиција и што тој немал надлежност да одлучува за прашањето за постоење на сериозни индиции за вина.
18. Во меѓувреме, на три пати, меѓу јуни и септември 2005 година, жалителот поднел барање, залудно, за негово ослободување до Апелациониот суд во Рим. Во последната одлука од 27 октомври 2005 година, усвоена на затворена седница во согласност со принципот на контрадикторност, и без да спроведе какво и да е истражно дејство, Апелациониот суд истакнал дека немало никаква причина да отстапи од другите две одлуки за одбивање претходно донесени во однос на, од една страна, опстојувањето на ризикот од бегство на жалитетелот и покрај тоа што властите го лишиле од неговиот пасош и, од друга страна, облигацијата да се почитуваат меѓународните обврзувања на државата.
19. На 9 октомври 2006 година, министерот за правда ја потпишал наредбата за екстрадиција.
20. На 26 октомври 2006 година, жалителот бил екстрадиран.
II. РЕЛЕВАНТЕН МЕЃУНАРОДЕН ЗАКОНСКИ ТЕКСТ
21. Европската конвенција за екстрадиција, потпишана во Париз на 13 декември 1957 година, ратификувана од Италија со законот бр. 300 од 30 јануари 1963 година и влезена во сила на 4 ноември 1963 година и потоа изменета од страна на вториот дополнителен протокол потпишан на 17 март 1978 г., стапила на сила во однос на Италија на 23 април 1985 година. Таа го предвидува следното:
Article 8 – Тековни гонења за истите дела
„Замолена страна може да го одбие екстрадирањето на лицето кое се бара ако ова лице кривично се гони за дело или дела поради кои се бара екстрадицијата.
Член 9 - Non bis in idem
Екстрадицијата нема да се одобри ако надлежните органи на замолената страна веќе правосилно го осудиле лицето за дело или за дела поради кои се бара екстрадиција. Екстрадицијата може да се одбие ако надлежните органи на замолената страна одлучиле да не поведат кривично гонење или да го прекинат кривичното гонење кое го покренале за исто или за исти дела.
Член 12 - Барање и докази во прилог
1. Барањето [за екстрадиција] ќе биде формулирано во писмен облик и ќе биде поднесено од страна на Министерството за правда на Страната барател до Министерството за правда на Замолената страна; сепак, дипломатскиот пат не е исклучен. Со непосреден договор меѓу две или повеќе страни може да се дозволи и друг начин.
2. Кон барањето се приложува:
a. изворник или автентичен примерок било на одлуката за извршување на казна или на налогот за апсење или кој било друг акт со исто право дејство кој се издава на начин пропишан со законот на страната молител;
б. експозе на фактите поради кои се бара екстрадицијата. Време и место на извршување на делата, правната квалификација како и текстот на законските одредби кои се однесуваат на нив и мораат што попрецизно да бидат наведени;
в. препис на законските одредби кои се применуваат на делата или, во случај кога тоа не можно, изјава за правото што се применува, како и што попрецизен опис на лицата кои се бараат и секое друго известување пригодно за утврдување на неговиот идентитет и државјанство.
Член 16 - Привремено лишување од слобода
1. Во итни случаи, надлежните органи на Страната молител може да побараат привремено лишување од слобода на бараното лице; надлежните органи на замолената страна ќе одлучуваат за ова барање, во согласност со законот на оваа страна.
2. Барањето за привремено лишување од слобода ќе го назначи постоењето на една од исправите предвидени во ставот 2, алинеа а, на членот 12 и ќе запознае за намерите за предавање барање за екстрадиција; во кое ќе се наведе кривичното дело за кое се бара екстрадиција, време и место на извршувањето и, колку што е можно, опис на бараното лице.
3. Барањето за привремено лишување од слобода ќе биде предадено на надлежните органи на замолената страна било по дипломатски пат или директно по пошта или телеграфски, било преку Меѓународната организација на криминалната полиција (Интерпол), било на друг начин кој остава писмен траг или е прифатлив за замолената страна. Страната молител веднаш ќе биде известена за одлуката која е донесена по повод нејзиното барање.
4. Привременото лишување од слобода може да биде укинато ако барањето за екстрадирање и исправите наведени во членот 12 не бидат доставени на замолената страна во рок од 18 дена од приведувањето; Рокот не може во ниеден случај да помине преку 40 дена од приведувањето. Меѓутоа, привременото пуштање на слобода секогаш е можно ако замолената страна ги презела сите мерки кои ги смета за нужни за спречување на бегството на бараното лице.
5. Пуштањето на слобода нема да попречи ново приведување и екстрадирање ако барањето за екстрадиција пристигне подоцна.“
II. РЕЛЕВАНТНОТО НАЦИОНАЛНО ПРАВО И СУДСКАTA ПРАКСА
22. Во однос на примената на привремените мерки, членот 715 од Законот за кривична постапка (ЗКП) предвидува дека, по барање на странска држава, Апелациониот суд може да нареди привремено лишување од слобода на лице поради постапката за екстрадиција. Барањето може да се прифати а) ако странската држава делува согласно одлука за извршување на казна или налог за приведување и ако се обврза да поднесе барање за екстрадиција; б) ако странската држава ги изнела фактите во поткрепа на барањето за екстрадиција, го назначила делото што бараното лице наводно го извршило и обезбедила опис на истото; в) ако постои ризик од бегство. Министерот за правда ги информира органите на странската држава за примената на оваа мерка. Мерката за привремено лишување од слобода се укинува кога странската држава не го доставува во рок од четириесет дена од добивањето на наведената информација до министерствата за надворешни работи и правда барањето за екстрадиција и документите во поткрепа на таквото барање.
23. Во согласност со член 716 § 3 ЗКП, претседателот на Апелациониот суд мора да го валидира привременото лишување од слобода во рок од деведесет и шест часа и евентуално да ја примени мерката притвор.
24. Во согласност со членот 716 § 4 од ЗКП, привремената мерка ќе се поништи ако Министерството за правда не побара од Апелациониот суд, во рок од десет дена од денот на валидација на привременото лишување од слобода, чување на засегнатото лице во притвор.
25. Во согласност со членот 717 ЗКП, ако домашните власти наредат привремено лишување од слобода или применат привремена мерка, претседателот на апелациониот суд утврдува рочиште за идентификација на засегнатото лице и за да го праша дали се согласува да биде екстрадирано.
26. Во согласност со членот 714 од ЗКП, времетраењето на притворот не може да биде подолго од една година и шест месеци. Тоа меѓутоа може да се продолжи за вкупен период од најмногу три месеци.
27. Во согласност со членот 718 ЗКП, мерката притвор може, по барање на едната страна или по службена должност, да биде поништена од страна на Апелациониот суд или на Касациониот суд, кој е во својство на првостепен судија. Апелациониот суд одлучува на затворена седница, по сослушувањето на страните. Одлуката на Апелациониот суд може да биде обжалена пред Касациониот суд, во рамките на правните средства кои произлегуваат од прекршувањето на законот. Во овој поглед, Касациониот суд, во неколку наврати, утврдил дека нема надлежност да ги разгледа жалбените наводи во кои поединец бара негово ослободување со образложение дека ризикот од бегство кој првично го оправдувал неговиот притвор престанал да постои (видете, на пример, Касационен суд, пресуда бр. 33545 од 7 септември 2010 г., поднесена до секретаријатот на судот на 13 септември 2010 година; поопшто, за немањето надлежност да се испитаат правните средства кои произлегуваат од произволната природа на образложението на одлуките на Апелациониот суд, видете Касационен суд, пресуда бр. 37123 од 24 септември 2012 година, поднесена до секретаријатот на судот на 26 септември 2012 г.).
28. Што се однесува до судската фаза на екстрадиција, во согласност со членот 704 од ЗКП, Апелациониот суд заседава на затворена седница по сослушувањето на страните и по евентуалното добивање на соодветните информации и извршување на потребните проверки. Тој мора да утврди дали се исполнети барањата на меѓународното и домашното право: надвор од правилата од Европската конвенција за екстрадиција, членoт 705 ЗКП бара од судовите да проверат дали засегнатото лице е осудено за кривично дело од политичка природа или дали тоа ризикува да биде судено според постапки спротивни на основните права или дали, откако ќе биде екстрадирано, тоа ризикува да биде подложено на нечовечко, понижувачко постапување со дискриминаторски карактер или, во секој случај, постапување спротивно на некое од основните права. Според истиот член, во случај кога Европската конвенција за екстрадиција се применува, судовите не можат да го испитаат постоењето на сериозни докази за вина (gravi indizi di colpevolezza).
29. Во согласност со членот 706 ЗКП, оваа одлука може да биде оспорена, де факто и де јуре, пред Касациониот суд, кој одлучува согласно постапката утврдена со членот 704 ЗКП.
30. Членот 708 ЗКП предвидува дека министерот за правда одлучува, во рок од четириесет и пет дена по поднесувањето на одлуката на Касациониот суд во корист на екстрадиција, дали физичкото лице треба да биде екстрадирано. Во отсуство на таква одлука или ако одлуката е негативна, притворот мора да биде укинат.
ПРАВО
I. ЗА НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 1 ѓ) ОД КОНВЕНЦИЈАТА
31. Жалителот се жали на должината на притворот заради негова екстрадиција. Тој наведува, во овој поглед, дека имало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата.
32. Одговорен за правната квалификација на делата од случајот (видете, меѓу други, Guerra et autres c. Italie, 19 февруари 1998, § 44, Recueil des arrêts et décisions 1998‑I), Судот смета дека жалбата треба да се разгледа низ призмата на членот5 § 1 ѓ) од Конвенцијата (видете, Quinn c. France, 22 март 1995, серија A бр. 311, Chahal c. Royaume-Uni, 15 ноември 1996, Recueil 1996‑V и Bogdanovski c. Italie, бр. 72177/01, 14 декември 2006), кој гласи вака:
„ 1. Секој има право на слобода и сигурност. Никој не смее да биде
лишен од слобода, освен во законска постапка, во долунаведените
случаи:
(...)
f) законско лишување од слобода или притвор на лице, со цел да се спречи негово илегално влегување во земјата или против кое се води постапка за негово протерување или екстрадикција.
(...)“
A. За допуштеноста
33. Констатирајќи дека жалбата не е очигледно неоснована во смисла на членот 35 § 3 а) од Конвенцијата и не е во спротивност со која било друга основа на недопуштеност, Судот ја прогласи за допуштена.
Б. За основаноста
1. Тезите на страните
34. Жалителот наведува дека времетраењето на постапката за екстрадиција било прекумерно во однос на едноставниот карактер, според неговото мислење, на случајот.
35. Владата ги оспори наводите на жалителот. Таа укажува дека притворот во прашање бил нареден во согласност со правилата за екстрадиција, како што тоа го утврдиле италијанските судови, и дека тој единствено имал за цел да го предаде жалителот на надлежниот суд на државата молител: таа додава дека жалителот не се согласил да биде екстрадиран, што, пак, според него, ќе помогнало да се забрза постапката, и, дека одложувањето на закажувањето на рочиштето за основаноста од страна на Апелациониот суд било оправдано со трите барања за ослободување што жалителот ги поднел во период од три месеци. Конечно, таа смета дека постапката што довела до тоа италијанските власти, судски и административни, да ја дозволат екстрадицијата се одвивала во рамките на предвидените рокови со прописите на домашното и меѓународното право.
2. Оценка на Судот
а) За усогласеноста на притворот со домашниот закон
36. Со цел да се утврди дали притворот во прашање бил во согласност со членот 5 § 1 ѓ) од Конвенцијата, Судот мора да утврди дали ова лишување од слобода не само што спаѓало под исклучоците наведени во ставовите од а) до ѓ) туку и дали било „законско“. Тој потсетува дека во однос на „законитоста“ на притвор, вклучувајќи и на запазувањето на „законскиот пат“, Конвенцијата воглавно упатува на националните закони и ја утврдува обврската да се почитуваат суштинските како и процедуралните стандарди (Saadi c. Royaume-Uni [ГС], бр. 13229/03, §§ 67, ЕСЧП 2008).
37. Во овој случај, Судот забележува дека, со оглед на тоа што се во подобра позиција од органите на Конвенцијата за да ја испитаат усогласеноста со домашното законодавство, националните судови ја утврдиле, кога жалителот поднел барање до нив или кога тоа се барало од страна на домашното право, законитоста на притворот во прашање во неговата почетна фаза како и во однос на неговата целисходност. Првично, Апелациониот суд од Аквила го потврдил притворот на жалителот; потоа, Апелациониот суд и Касациониот суд провериле дека барањето за екстрадиција било испратено од страна на грчките власти во период од четириесет дена согласно членот 16 § 4 од Европската конвенција за екстрадиција (ставови 15, 17 и 21 погоре); конечно, во три наврати, судовите утврдиле дека усвојувањето и задржувањето на привремените мерки било оправдано со потребата да се почитуваат меѓународните обврски на државата и со постоењето на ризик од бегство на жалителот (видете став 18 погоре).
38. Со оглед на овие околности, Судот смета дека не постои индиција за тоа дека притворот на жалителот во очекување на екстрадиција имал поинаква цел од онаа за која бил утврден и дека не бил во согласност на домашното право.
б) За произволната природа на притворот
39. Судот потсетува дека, спротивно на она што тврди Владата, почитувањето на роковите предвидени во домашното право не значи дека мерката притвор треба автоматски да се смета како компатибилна со барањата од членот 5 § 1 ѓ ) од Конвенцијата (Auad c. Bulgarie, бр. 46390/10, § 131, 11 октомври 2011). Оваа одредба бара освен тоа секое лишување од слобода да биде усогласено со целта која се состои во заштитата на поединецот против произволноста (видете, меѓу другото, Winterwerp с. Pays-Bas, 24 октомври 1979, § 37, серија A бр. 33, Amuur c. France, 25 јуни 1996, § 50, Recueil 1996‑III, и Witold Litwa c. Pologne, бр. 26629/95, § 78, ЕСЧП 2000‑III). Тоа е основно начело според кое никакво произволно притворање не може да биде компатибилно со членот 5 § 1, и идејата за „произволност“ содржана во членот 5 § 1 го надминува недостигот од усогласеност со националното законодавство, така што лишување од слобода може да биде законско според домашното право и истовремено да биде произволно и оттука во спротивност со Конвенцијата (Saadi, précité, § 67, et Suso Musa c. Malte, бр. 42337/12, § 92, 23 јули 2013 г.).
40. Во оваа смисла, Судот забележува уште дека, во контекст на оваа одредба, само одвивањето на постапките за екстрадиција го оправдува лишувањето од слобода врз основа на овој член и дека, доколку постапката не се води со потребното должно внимание, притворот престанува да биде оправдан (Quinn, претходно наведена, § 48 и Chahal, претходно наведена, § 113).
41. Така, Судот има за задача не да оцени дали времетраењето на постапката за екстрадиција е разумно во целост, што тој го прави особено во поглед на должината на постапките во смисла на членот 6, туку да утврди дали, независно од вкупната должина на постапката, должината на притворот не го надминува разумниот рок потребен за постигнувањето на саканата цел (Saadi, претходно наведена, §§ 72-74). Значи, ако имало периоди на неактивност на властите и, оттука, недостаток на должно внимание, притворот престанува да биде оправдан. Во заклучок, Судот мора да оцени, од случај до случај, дали, во текот на периодот на притвор во прашање, националните власти биле или не биле пасивни (видете, во таа смисла, што се однесува до протерување, Tabesh c. Grèce, бр. 8256/07, § 56, 26 ноември 2009).
42. Во овој случај, Судот констатира дека жалителот бил ставен во притвор во очекување на екстрадиција за да им се овозможи на грчките власти да го гонат. Во овој поглед, тој смета дека е неопходно да се разликуваат две форми на екстрадиција за да се појасни нивото на должно внимание потребно за секоја, имено, од една страна, екстрадицијата за целите на извршување на казна и, од друга страна, онаа која и овозможува на државата молител да му суди на засегнатото лице. Во вториот случај, со оглед на тоа дека кривичната постапка се уште во тек, приведеното лице во очекување на екстрадиција треба да се смета смета за невино; освен тоа, во оваа фаза, можноста за истото да ги оствари своите права на одбрана во кривичната постапка со цел да ја докаже својата невиност е значително ограничена или непостоечка; конечно, секое испитување на основаноста на случајот им е забрането на органите на замолената држава (видете став 28 in fine погоре). Поради сите овие причини, заштитата на правата на засегнатото лице и правилното водење на постапката за екстрадиција, вклучувајќи го и барањето за гонење на поединецот во разумен рок, и наметнуваат на замолената држава да постапува со зголемено внимание.
43. Судот веќе ги оценил како прекумерни, поради неоправдани доцнења од страна на домашните органи, времетраењата од една година и единаесет месеци во притвор заради екстрадиција (Quinn, претходно наведена) и од три месеци, заради протерување (Tabesh, претходно наведена).
44. Тој забележува дека во овој случај притворот во очекување на екстрадиција траел околу една година и шест месеци (од 19 април 2005 година до 26 октомври 2006 година).
45. Тој забележува дека значителни доцнења се случиле во различни фази на постапката на екстрадиција.
46. Прво, првото рочиште на Апелациониот суд било закажано за 15 декември 2005 година, односно шест месеци по испраќањето на барањето за екстрадиција до Апелациониот суд и осум месеци по приведувањето на засегнатото лице во очекување на екстрадиција.
47. Судот не може да се согласи со Владата дека поднесоците на жалителот со цел да се добие негово ослободување во тој период (видете став 18 погоре) можат, сами по себе себе, да го оправдаат доцнењето на постапката. Всушност, се работи тука за постапки кои имаат различни предмети и цели, едната имала за цел да провери дали формалните услови за екстрадиција биле исполнети, другата пак овозможувала да се испита дали барањата кои довеле до донесување на времена мерка биле се уште валидни и доволни. Тоа што домашниот закон го задолжува истиот Апелационен суд за оваа двојна задача е легитимен избор од страна на државата, избор кој, меѓутоа, не може да се повика за да се оправдаат значителни доцнења во испитувањата на основаноста на случајот. Во секој случај, Судот не гледа како повторените барања на жалителот, во принцип оправдани во онаа мера во која притворот бил продолжен во отсуство на какво и да е рочиште за основаноста, го спречиле Апелациониот суд да го закаже веќе напоменатото рочиште (видете, mutatis mutandis, Quinn, § 48). Одлуките, донесени од страна на Апелациониот суд се засновале исклучиво на документите со кои тој располагал, биле усвоени на затворена седница во согласност со принципот на контрадикторност (видете став 27 погоре) и главно се однесувале на разгледувањето на барањето за продолжување на притворот на жалителот поради ризикот од бегство (видете став 18 погоре).
48. Потоа Судот забележува дека случајот не бил сложен (видете, a contrario, Bogdanovski, претходно наведена, каде што жалителот аплицирал за добивање на статус на политички бегалец и каде што постапката за екстрадиција била суспендирана по барање на Високиот комесаријат за бегалци и на самиот Суд како резултат на примената на членот 39 од деловникот). Задачата на Апелациониот суд била ограничена на анализа на следново: да се провери дека барањето за екстрадиција било доставено на начин пропишан од страна на Европската конвенција за екстрадиција; да се осигура дека принципите на ne bis in idem и на двојната инкриминација биле испочитувани; да се исклучи дека причини од дискриминаторска природа или од политичка природа ја сочинувале основата на гонењето. Законот не дозволувал оценка на постоењето на сериозни индиции за вина (gravi indizi di colpevolezza) (став 28 in fine погоре) и немало потреба од каква и да е истрага или истражна активност (видете став 15 погоре).
49. Второ, Судот е изненаден од тоа што на Касациониот суд, откако донел одлука во рок од два месеци по жалбата на жалителот, му требало повеќе од четири месеци за да достави до судскиот секретаријат пресуда од една страница во која тој само појаснил дека барањето за екстрадиција било испратено од страна на државата молител согласно пропишаниот начин и дека тој самиот немал надлежност да ги оспори обвиненијата против жалителот од страна на грчките власти (став 17 погоре). Владата не приложила никаков доказ кој би го оправдал таквото доцнење.
50. Конечно, во однос на аргументот на владата дека жалителот можел да ја забрза постапката со тоа што немало да се спротивстави на неговата екстрадиција, Судот смета дека ако такво спротиставување може во принцип да го оправда продолжувањето на притворот во онаа мера во која се наметнува судска ревизија, тоа сепак не може да ја ослободи државата од секаква одговорност за неоправданото доцнење на судскиот процес.
51. Затоа, со оглед на природата на постапката за екстрадиција, чија цел е гонење на жалителот во трета земја, и на неоправданото доцнење од страна на италијанските судови, Судот заклучува дека притворот на жалителот не бил „законски“, во смисла на членот 5 § 1 ѓ) од Конвенцијата и дека, следствено, имало повреда на оваа одредба.
II. ЗА ПРИМЕНАТА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
52. Согласно член 41 од Конвенцијата,
„Кога Судот ќе оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на протоколите, и доколку внатрешното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумна репарација на штетата, тогаш доколку е тоа неопходно, Судот ќе му додели правична отштета на оштетениот.“
53. Жалителот не доставил какво и да е барање за правичен надомест (став 5 погоре). Според тоа, Судот смета дека не треба да му се додели паричен износ за овој основ.
ПОРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО,
1. Ја прогласи жалбата за допуштена ;
2. Одлучи дека имало повреда на членот 5 § 1 ѓ) од Конвенцијата.
Изработено на француски и доставено на писмено на 24 март 2015 г. согласно членот 77 §§ 2 и 3 од деловникот на Судот.
Фатош АреџиПаиви Хирвела
Заменичка секретаркаПретседателка
Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe ()). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy