© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПЕТТА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА ГАРДЕЛ против ФРАНЦИЈА
(Жалба бр. 16428/05)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
17 декември 2009 г.
КОНЕЧНА
17/03/2010
Оваа пресуда стана правосилна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да подлегне на уредувачка ревизија.
Во случајот на Гардел против Франција,
Европскиот суд за човекови права (Петтата секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:
Пиер Лоренцен (Peer Lorenzen), претседател
Ренате Јаегер (Renate Jaeger),
Жан-Пол Коста (Jean-Paul Costa),
Раит Марусте (Rait Maruste)
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Изабел Беро-Лефевр (Isabelle Berro-Lefèvre)
Мирјана Лазарова Трајковска (Mirjana Lazarova Trajkovska), судии,
и Клаудиа Вестердиек (Claudia Westerdiek), секретар на Секцијата,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 24 ноември 2009 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 16428/05) против Република Франција поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на француски државјанин, г-динот Фабрис Гардел („жалителот“) на 30 април 2005 година.
2. Жалителот, на кој му била одобрена правна помош, бeшe преставуван од г-динот П. Сушал, адвокат со пракса во Нанси. Француската Влада („Владата“) беше претставувана од нивниот агент, г-ѓата Белиар, директор за правни прашања при Министерството за надворешни работи.
3. Жалителот се жалеше, конкретно на фактот дека бил внесен во националниот регистар на сексуални престапници откако бил осуден. Тој се повикуваше на членот 7 од Конвенцијата.
4. На 1 октомври 2007 г. Судот одлучи да ја извести Владата за жалбата. Исто така беше одлучено да се одлучува во однос на допуштеноста и основаноста на жалбата во исто време (член 29 § 3).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
5. Жалителот е роден во 1962 г. и во моментов се наоѓа во затвор во Монмеди.
6. По жалбата поднесена на 18 февруари 1997 г. од страна на родителите на мало девојче, С., жалителот бил обвинет за силување и сексуален напад на малолетно лице помладо од петнаесет години од лице на авторитативна позиција.
7. Во текот на истрагата тој поднел неколку барања за преземање на дополнителни истражни мерки, кои биле одбиени од истражните власти.
8. На 15 април 2003 г. истражен судија на вишиот суд на Бар-ле-Дук издал налог за прекин на постапката во врска со обвиненијата за сексуален напад, со оглед дека истекол ограничениот период. Судијата го дал жалителот на суд за обвинението за силување на малолетно лице помладо од петнаесет години од лице на авторитативна позиција во однос на жртвата.
9. На 30 октомври 2003 г. Судот во Мез Асиз го осудил жалителот на петнаесет години затвор и го лишил од сите негови цивилни, граѓански и семејни права на десет години.
10. Жалителот не се жалел против таа одлука но поднел барање за повторување на судењето, обезбедувајќи низа документи за кои тој тврдел дека фрлале сомнеж врз неговата вина.
11. На 9 март 2004 г. со Законот бр. 2004-204 бил формиран национален автоматизиран регистар на сексуални престапници („Регистарот на сексуални престапници“).
12. На 11 април 2005 г. Одборот за разгледување на кривичните случаи го одбиле барањето на жалителот за повторување на судењето.
13. На 28 февруари 2005 г. жалителот се жалел до судот во Кретеј, кој се занимавал со прашања кои следеле после одредувањето на казнената мерка, со барање да му се укини казната. На 17 јуни 2005 г. барањето било одбиено на основ дека според медицинското вештачење „преживувањето на жалителот не е во прашање, ниту пак неговата здравствена состојба е некомпатибилна со должината на неговото лишување од слобода. Затоа, како што стоеле работите, тој не го исполнувал условот од членот 720-1-1 од Законот за кривична постапка и нема право на мерката во прашање.“ Судот посочил дека казната на жалителот требала да трае до 27 мај 2019 г. и дека неговото кривично досие споменувало уште една осудителна пресуда за сексуална злоупотреба на малолетно лице помладо од петнаесет години од лице на авторитативна позиција (казна затвор од шест години и наредба за судски и социјален надзор изречен од Апелациониот суд во Нанси на 29 август 2002 г. за сексуален напад на малолетно лице). Судот ги зел во предвид медицинските извештаи според кои жалителот страдал од вродено срцево заболување кое оневозможувало секаква физичка активност. Извештајот се заземал тој да биде сместен под подобрен затворски режим во посебна ќелија, без вежбање или физичка активност, исхрана без сол и редовно примање на лекарства. Судот исто така упатил на психијатриското вештачење од ноември 2004 г. според кое психолошкиот развој на жалителот „се чинел многу ограничен што се однесува до тоа дека тој не успеал да се осврне на своето сопствено однесување. Тој не изразил никакви чувства на вина или одговорност за делата за кои тврдел дека не ги сторил. Психотерапија би му помогнала да развие позадоволувачки односи во иднина со луѓето со кои ќе стапи во контакт.“
14. На 13 октомври 2005 г. Одделот за прашања што произлегуваат после изрекувањето на казнената мерка при Апелациониот суд на Париз ја потврдил оваа пресуда.
15. На 22 ноември 2005 г. жалителот бил информиран од полициски службеник од полициската станица во л’Ај-ле-Роз дека неговото име е внесено во Регистарот на сексуални престапници заради неговата осудителна пресуда од Судот во Мез Асиз во согласност со преодните одредби од гореспоменатиот Закон од 9 март 2004 г. Официјалното известување гласи вака:
„Јас, долупотпишаниот, г-дин Фабрис Гардел, признавам дека денеска бев информиран дека сум бил внесен во Регистарот на сексуални престапници заради [казната] затвор изречена на 30 октомври 2003 г. од страна на Судот во Мез Асиз и заради тоа, а согласно членот 706-53-5 од Законот за кривична постапка, обврзан сум да:
1. обезбедам доказ за мојата адреса: ...
Еднаш годишно било до властите кои управуваат со Регистарот (Министерството за правда) ... или до мојата локална полициска или жандармериска станица ..., во текот на месецот во кој паѓа мојот роденден или во текот на месец јануари доколку мојот датум на раѓање е непознат или не е утврден. ...
Јас изречно потврдувам дека сум информиран дека:
Јас сум правосилно осуден за дело за кое се изрекува казна затвор од десет или повеќе години. Соодветно на тоа, од мене се бара да обезбедам доказ за мојата адреса со тоа што лично ќе се пријавувам секои шест месеци.
...
Јас сум запознаен дека доколку ја напуштам земјата мојата обврска лично да се пријавам ќе биде суспендирана во текот на периодот додека престојувам во странство, но дека јас и понатаму морам да обезбедам доказ за мојата адреса по пат на препорачано писмо со заведена достава до органот кој управува со Регистарот на сексуални престапници ... проследено од документи кои ја потврдуваат мојата адреса и потпишани од локалниот конзуларен орган.
2. ја пријавам секоја промена на адресата најдоцна во рок од петнаесет дена, и на истиот начин.
Потврдувам дека сум информиран:
(i) дека морам да обезбедам доказ за мојата адреса првиот пат во рок од петнаесет дена од ова известување, освен ако писмото е издадено помалку од два месеци пред првиот ден од месецот на мојот роденден, посочен горе, или од мене веќе било побарано да обезбедам адреса на годишно ниво;
(ii) непочитувањето на овие обврски е казниво со казна затвор од две години и глоба од 30.000 евра;
(iii) дека секое прекршување на овие обврски ќе води кон издавање на предупредување до судските власти и полицијата или жандармеријата од што може да произлезе вклучување на листата на лица за кои има потерница и може да следи кривично гонење;
(iv) дека, согласно членот Р. 53-8-13, доказ за адресата и пријавувањето на промената на адресата предвидени во членот 706-53-5 може да биде секој документ не постар од три месеци на мое име кои нудат доказ за мојата домашна адреса како што е сметка или фактура;
(v) ако обезбедениот документ се однесува на адреса на друго лице, мора да е проследен со изјава напишана и потпишана од вториов во која се потврдува дека живеам на таа адреса.
Понатаму потврдувам дека сум информиран дека ги имам следниве права:
(i) согласно Законот за заштита на податоци и членот 706-53-9, можам да добијам копија од сите информации во врска со мене во регистарот со поднесување на барање до јавниот обвинител во округот во кој живеам;
(ii) доколку одлуката која ја формира основата за моето внесување во регистарот била издадена од странски судски орган можам да побарам од јавниот обвинител при вишиот суд од Нант да ги исправи информациите во регистарот или да избриши или да ја намали фреквенцијата на пријавување на еднаш годишно, согласно членовите Р 53-8-27 et seq.“
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
16. Националниот автоматизиран регистар на сексуални престапници („Регистар на сексуални престапници“ – ФИЈАИС), кој бил воспоставен во 2004 г., е регистар за кривично идентификување сличен на Националната база на податоци со отисоци од прсти (ФАЕД), Националната генетска база на податоци (ФНАЕГ) и Националната кривична архива (ЦЈН), од кои последнава најдолго постои. Информативен документ во врска со полициските регистри поднесен до Националното собрание на 24 март 2009 г. забележува пораст на таквите регистри. Работната група со која претседавал г-динот Ален Бауер забележала дека имало околу четириесет и пет во 2008 г. споредено со триесет и четирите во 2006 г., и дека дополнителни дузина или приближно толку се подготвувале.
Министерството за правда е одговорно и управува со Регистарот на сексуални престапници. Него го одржува Националниот оддел за кривична документација во Нант под надзор на судијата задолжен за националната кривична архива.
А. Регистар на сексуални престапници
17. Националниот автоматизиран регистар на сторители на сексуални или „насилни“ кривични дела бил воспоставен со Законот бр. 2004-204 од 9 март 2004 г. со усвојувањето на правосудниот систем заради менување на трендовите во однос на кривичните дела. Има за цел да спречи повторување на сексуални кривични дела, со што се олеснува идентификувањето на прекршителите и овозможува нивно брзо наоѓање во секој момент.
Серија на транснационални мерки поставуваат детално опишани аранжмани за внесување во регистарот на лица кои сториле такви кривични дела пред гореспоменатиот закон да стапи на сила. Одредбите се применуваат за лица кои сториле такви дела пред датумот на прогласување на Законот но биле предмет, после тој датум, на една од одлуките на кои се упатува во членот 706-53-2 од Законот за кривична постапка (види во параграф 18 долу). Тие исто така можат да се применат за лица кои отслужувале затворска казна пред прогласување на Законот (на барање од јавниот обвинител).
1. Законот за кривична постапка (ЗКП)
18. Релевантните одредби од ЗКП го велат следното:
Член 706-47
„Одредбите од овој Наслов ќе се применуваат за постапки за убиство, кога е или не е со предумисла, на малолетно лице пред кое имало или било проследено со силување, мачење или чинови на свирепост или за дела на сексуален напад или сексуална злоупотреба на малолетно лице, неморално заработување од малолетно лице или плаќање за сексуални услуги со малолетно лице...
Овие одредби исто така ќе се применуваат за постапки поврзани со кривични дела на убиство, било да е со предумисла или не, проследено со мачење или чинови на свирепост, или кривично дело на мачење или чинови на свирепост или кривични дела на убиство, било да е со предумисла или не, сторени како повторување на делото.“
Член 706-53-1
„Националниот автоматизиран регистар на сторители на сексуални или насилни кривични дела ќе сочинува база на лични податоци со кои ќе располага Одделот за кривична документација под надлежност на Министерството за правда и под надзор на судија. За да се спречи повторување на делата од типот на кој се упатува во членот 706-47 и за да се олесни идентификувањето на сторители на такви дела, информациите на кои се упатува во членот 706-53-2 ќе бидат собрани, чувани и за нив ќе бидат известени овластени лица согласно договореното дадено во оваа Глава.“
Член 706-53-2
„Предмет на одредбите од последниот став од овој член и што се однесува до нивната поврзаност со едно или повеќе дела на кои се упатува во членот 706-47, детали од идентитетот на поединецот и домашната адреса или сукцесивните домашни адреси и, кога може да се примени, други места на живеење ќе бидат внесени во регистарот кога засегнатото лице е предмет на:
1. Осудителна пресуда, било да е правосилна или не, вклучително и осудителна пресуда in absentia, или прогласување на вина проследено од налог за изоставување на казна за него или неа или одложена казна;
2. Одлука, било правосилна или не, усвоена согласно членовите 8, 15, 15-1, 16, 16bis и 28 од Декретот бр. 45-174 од 2 февруари 1945 г. за малолетна деликвенција;
3. Договорена шема за казнување предвидена во член 41-2 од овој Закон, чија имплементација е заверена од јавен обвинител;
4. Одлука за прекинување на постапката или повлекување на обвинението или ослободување на засегнатото лице врз основа на првиот став од членот 122-1 од Кривичниот законик;
5. Криминално обвинение, проследено од налог за судски надзор каде истражниот судија наредил внесување на одлуката во регистарот;
6. Одлука од истиот вид како оние на кои се упатува горе, а која била усвоена од странски суд или судски орган и за која, согласно условите од меѓународна конвенција или договор, биле известени француските власти или била спроведена во Франција после префрлањето на осуденото лице.
Регистарот исто така содржи информации во врска со судска одлука која ја обезбедува основата за внесување во регистарот и информации за природата на делото. Одлуките на кои се упатува во точките 1 и 2 ќе бидат внесени во регистарот со нивното усвојување.
Одлуките во врска со делата посочени во член 706-47 кои носат казна помала или еднаква на пет години казна затвор нема да бидат внесени во регистарот освен ако тоа не е изречно наложено од судот или во случаите од точките 3 и 4 од страна на јавниот обвинител.“
Член 706-53-4
„Без предрасуди кон примената на одредбите од членовите 706-53-9 и 706-53-10 информациите на кои се упатува во членот 706-53-2 во врска со лицето ќе бидат избришани од регистарот после смртта на засегнатото лице или по истекувањето на периодите утврдени долу, пресметани од датумот на кој сите одлуки што биле внесени во регистарот ќе престанат да важат.
1. Период од триесет години во случај на тешко кривично дело за кое е пропишана казна затвор од десет години.
2. Период од дваесет години во сите други случаи.
Информациите во прашање нема да бидат избришани како резултат на амнестија или рехабилитација или согласно правила поврзани со отстранување на осудителната пресуда од криминалното досие.
Оваа информација сама по себе може да не се користи како доказ на рецидивизам.
Информации во регистарот внесени под точките 1, 2 и 5 од членот 706-53-2 ќе бидат избришани од регистарот во случај на правосилна одлука за прекинување на постапката, правосилно повлекување на обвинението или правосилно ослободување. Информациите што се внесуваат согласно членот 5 исто така ќе бидат избришани во случај на прекинување или повлекување на налогот за судски надзор.“
Член 706-53-5
„Сите лица чиј идентитет е заведен во регистарот ќе бидат обврзани, како безбедносна мерка, од обврските дадени во овој член.
Засегнатото лице ќе треба по пат на препорачано писмо со заверена достава адресирана до овластениот орган кој управува со регистарот или со препорачано писмо со заверена достава адресирана до локалната полициска или жандармериска станица или со лично пријавување да:
1. обезбеди доказ за својата адреса еднаш годишно;
2. ја пријави секоја промена на адресата најдоцна во рок од петнаесет дена.
Доколку засегнатото лице било правосилно осудено за тешко кривично дело или сериозен прекршок за кој е пропишана казна затвор од десет години, тој или таа мора да обезбеди доказ за адресата секои шест месеци преку пријавување во локалната полициска или жандармериска станица или седиштето на полицијата или жандармеријата во неговиот или нејзиниот сектор на живеење или во секторот назначен од префектурата.
Доколку не ја испочитува оваа обврска дадена во овој член подложи на казна затвор од две години или глоба од 30.000 евра.“
Член 706-53-6
„Секое лице чиј идентитет бил заведен во регистарот ќе биде соодветно информирано од судските власти било лично или со препорачано писмо до последната пријавена адреса.
Засегнатото лице ќе биде информирано во таа прилика за неговите или нејзините обврски согласно членот 706-53-5 и казните со кои тој или таа е соочен/а во случај да не се придржува кон обврската.
Кога засегнатото лице е во притвор информациите уредени со овој член ќе бидат дадени во неговото или нејзиното конечно ослободување или пред првата мерка за олабавување на условите на казната.“
Член 706-53-7
со измените и дополнувањата од членот 15 од Законот бр. 2008-174 од 25 февруари 2008 г.
„Информациите што се содржани во регистарот ќе бидат директно достапни преку безбеден телекомуникациски систем на:
1. Судските власти;
2. Кривичната истражна полиција во контекст на постапките во врска со кривични дела со намерно ставање во опасност на човечки живот, грабнување или киднапирање или некое од делата посочени во членот 706-47 и заради преземање на мерките предвидени во членовите 706-53-5 и 706-53-8;
3. Префектите и државната администрација набројана во указот предвиден во членот 706-53-12 заради административни одлуки во врска со ангажирање, објавување, овластување, одобрување или дозвола во врска со активности или професии кои вклучуваат контакт со малолетни лица и заради надзор на извршувањето на таквите активности или професии. ...
Информациите во регистарот исто така ќе им бидат достапни на градоначалниците и претседателите на советите на секторите и регионалните совети преку префектите заради административните одлуки кои се посочени во точката 3 во врска со активностите и професиите кои вклучуваат контакт со малолетни лица и заради надзор во спроведувањето на такви активности или професии.“
Член 706-53-8
„На начин утврден во указот предвиден со членот 706-53-12, органот кој управува со регистарот ќе го информира Министерството за внатрешни работи директно за секое ново внесување во регистарот или промена на адресата или доколку лице кое се наоѓа во регистарот не обезбедило доказ за својата адреса во пропишаниот период. Министерството ќе ги достави информациите без одлагање до надлежниот полициски или жандармерискиот сектор.
Полицијата и жандармеријата можат да ги спроведат сите релевантни проверки и да поднесат секакви барања какви што се потребни до јавните власти со идеја да се потврди или следи адресата на лицето.
Доколку се случи засегнатото лице повеќе да не се наоѓа на посочената адреса, јавниот обвинител ќе го внесе неговото или нејзиното име на листата на лица за кои има потерница.“
Член 706-53-9
„Лицата кои ќе обезбедат доказ за својот идентитет ќе ги добијат сите информации што за нив ги има во регистарот, по барање до јавниот обвинител при вишиот суд за нивното место на живеење.“
Член 706-53-10
со измените и дополнувањата со Законот од 5 март 2007 г.
„Лицата чиј идентитет е заведен во регистарот може да побара јавниот обвинител да ја поправи или да наложи бришење на информациите во врска со нив доколку информациите се неточни или повеќе не е потребно да се чуваат за потребите на регистарот, со оглед на природата на делото, возраста на засегнатото лице кога делото било извршено, времето што поминало и актуелното однесување на засегнатото лице.
Барање за бришење на информации нема да биде допуштено кога информациите во прашање (укинато со членот 43 од Законот бр. 2007-297 од 5 март 2007 г. кој стапи на сила на 7 март 2008 г.) ‘остануваат во Билтенот бр. 1, од криминалното досие на засегнатото лице или’ се однесуваат на судски постапки на кои сè уште се чека (член 43 од Законот бр. 2007-297 од 5 март 2007 г.), ‘доколку засегнатото лице не било рехабилитирано или мерката која повлекува внесување во регистарот не била избришана од Билтенот бр. 1.“
Доколку јавниот обвинител не даде налог за поправка или бришење на информацијата, засегнатото лице може за оваа цел да се обрати до судија за слободи и притвор. По оваа одлука може да се жали кај претседателот на истражниот оддел.
Пред да одлучи по барањето за поправање или бришење, јавниот обвинител, судијата за слободи и притвор и претседателот на истражниот оддел можат да наложат секакви проверки за кои може да сметаат дека се неопходни, вклучително и медицинско вештачење за засегнатото лице. Доколку информациите во регистарот се однесуваат на тешко кривично дело или за тежок прекршок за кој е пропишана казна затвор од десет години и делото е сторено против малолетно лице, не може да се донесе одлука за бришење во отсуство на такво вештачење. ...”
Член 706-53-12
„Деталните договори за примена на одредбите од оваа Глава ќе бидат утврдени со указ на Државниот совет по консултации со Националната комисија за заштита на податоците.
Указот ќе ги посочи пред сè околностите во кои регистарот ќе го евидентира испитувањето поврзано со него и приликите кога бил консултиран.“
Член Р53-8-34
„Во регистарот три години ќе се чуваат информации во врска со записите и истрагите поврзани со тоа, посочувајќи го статусот на лицето или органот кој го прави внесувањето или кој барал информации.
Овие информации ќе бидат достапни само за судијата на чело на одделот кој го води регистарот или за лица на кои тој или таа им дал изречна дозвола.
Можат да се соберат статистички податоци врз основа на овие информации.“
2. Прецедентното право на Уставниот совет
19. Во пресудата бр. 2004-492 ДЦ од 2 март 2004 г., Уставниот совет одлучил дека „евидентирањето на идентитетот на лицето во [Регистарот на сексуални престапници] ... е креирано ... за да спречи повторување на делата од овој вид и за да го олесни идентификувањето на сторителите на такви дела. Следи дека внесувањето во регистарот не е санкција туку мерка на јавниот ред“ (§ 74). Уставниот совет понатаму одлучил што се однесува на внесените информации во регистарот и нивното консултирање и проверка чија првична цел е да понуди заштита обезбедена со условите за користење и консултирање на регистарот и фактот дека овластувањето за внесување или бришење на лични податоци е во рацете на судските власти, и второ на сериозноста на делата кои повлекле внесување на лични податоци во регистарот и стапката на повторување на делата од овој вид, оспорените одредби биле такви за да се помири почитувањето на приватниот живот и заштитата на јавниот ред на начин кој јасно дава правичен баланс (§ 87). И конечно одлучи дека „барањето лицата што се во регистарот периодично да известуваат за својата домашна адреса или адресата каде што живеат не претставува санкција, туку повеќе мерка за јавен ред насочена кон спречување на повторување на делото и олеснување на идентификација на престапниците. Самата цел на регистарот наметнува потреба да се проверат адресите на засегнатите лица континуирано. Товарот што им се наметнува за да се обезбеди дека таквите проверки ќе се спроведуваат не претставува [мерка] која не е неопходна за потребите на членот 9 од Декларацијата од 1789 г. ...“ (§ 91),
3. Прецедентното право на Судот за касација
20. Во пресудата на Кривичниот оддел од 12 март 2008 г. Судот за касација одлучил за природата на внесувањето во регистарот (види исто така Crim. 31 October 2006, Bull. crim. No. 267). Тој го одлучи следново:
„Додека ..., при давањето налог за внесување во Регистарот на сексуални престапници Апелациониот суд точно го применил членот 216 од Законот од 9 март 2004 г., според кој одредбите во врска со внесувањето во регистарот се однесуваат и на кривични дела сторени пред датумот на прогласување на Законот. Овој член не е спротивен на одредбите од Конвенцијата на кои се упатува, со оглед дека внесувањето во Регистарот на сексуални престапници, што е чисто безбедносна мерка а не казна, не подложи на принципот со кој се забранува ретроспективна примена на построги одредби од материјалното право. ...”
Судот за касација ја потврди автоматизираната природа на внесувањето во Регистарот во случај на престапници осудени на повеќе од пет години казна затвор (Crim. 16 January 2008)
4. Надзорна работна група за полициски и жандармериски регистри
21. Во декември 2008 г. оваа работна група поднесе извештај до Министерството за внатрешни, Прекуморските оддели и територии и Територијалните власти насловен: „Стегнати процедури за подобрување на заштитата на слободите“. Според извештајот 20.222 имиња биле внесени во Регистарот на сексуални престапници кога бил воспоставен во јуни 2005 г.; до октомври 2008 г. бројот на внесени имиња бил 43.408.
Б. Автоматизирана национална кривична евиденција
1. Општи одредби
22. Членовите 768 до 781 од ЗКП се занимаваат со водењето на националната кривична евиденција. Таа вклучува евиденција на осудителните пресуди изречени од кривичните судови како и некои комерцијални, управни и дисциплински осудителни пресуди кои се однесуваат на неспособност. Криминалното досие на едно лице е поделено на три наслови. Информациите содржани во кривичната евиденција се обезбедени во форма на билтени.
Билтен бр. 1 (член 774 ЗКП) ги евидентира сите досиеја во криминалната евиденција, со други зборови сите осудителни пресуди за лицето. Тие можат да се издадат само на судските власти.
Билтен бр. 2 (член 775 ЗКП) ги содржи повеќето осудителни пресуди за кривични дела со исклучок, конкретно, на осудителни пресуди во текот на младоста, странски пресуди, осудителни пресуди за дела на малолетни лица и условни кази по истекувањето на период на условното ослободување. Барање може да се поднесе до судијата за одредена осудителна пресуда да не биде внесена во Билтенот бр. 2 (иако ќе остане во Билтенот бр. 1). Овој билтен е достапен само да одредени административни и воени власти (префекти, воени власти, директори на јавни претпријатија, итн.) на конкретен основ.
Билтенот бр. 3 (член 775 ЗКП) ги содржи најсериозните осудителни пресуди за тешки дела, и особено казни затвор над две години. Овој билтен е единствениот од кој засегнатото лице може да добие копија.
2. Постапка за рехабилитација
23. Кривичниот законик предвидува постапка за рехабилитирање на осудените лица, со што им се овозможува осудителната пресуда да им биде избришена од кривичната евиденција пред истекувањето на законски пропишаниот период (четириесет години). Членот 133-1 од Законикот вели дека рехабилитацијата ја брише осудителната пресуда.
24. Членот 133-12 ги поставува условите за автоматска рехабилитација.
Член 133-13
„Осуденото лице кое не било предмет на дополнително кривично осудување во рамките на периодите утврдени долу, автоматски се рехабилитира:
...
3. Во случај на една казна затвор која не надминува десет години или повеќекратни казни затвор кои вкупно не надминуваат пет години после период од десет години пресметани од датумот на кој завршува казната или од датумот на кој истекува периодот на застареност.
...”
25. Законот за кривична постапка ги поставува аранжманите кои управуваат со постапката за судска рехабилитација:
Член 785, прв став
„Во текот на животот на осуденото лице, барањето за рехабилитација може да се поднесе до судовите само од засегнатото лице или, доколку тој или таа е дисквалификуван/а, од неговиот или нејзиниот претставник. Во случај на смрт на лицето и кога законски утврдените услови се исполнети, барањето може да го поднесе неговиот или нејзиниот сопруг/а, родителите или децата или дури и може да биде поднесено од нив, во рок од една година после смртта на лицето.“
Член 786
со измените и дополнувањата со Законот бр. 2004-204 од 9 март 2004 г. (стапи на сила на 1 јануари 2005 г.)
„Барањето за рехабилитација може да се поднесе само после пет години во случај на лица осудени за тешки кривични дела...
Овој период ќе се брои, ... во случајот на лицата кои добиле затворска казна, од датумот на нивното конечно ослободување или во согласност со одредбите од членот 733, третиот став, од датумот на нивното условно ослободување кога второво не било отповикано последователно...“
26. Правилата кои се однесуваат на отстранување на кривично дело од кривичната евиденција се следниве:
Член 769
“... Документи кои се однесуваат на осудителни пресуди кои биле избришани со амнестија или кои биле срушени ќе бидат избришани од кривичната евиденција... . Истото ќе важи, ... за документи што се однесуваат на осудителни пресуди ... изречени пред повеќе од четириесет години во случаи кога немало дополнителни осудителни пресуди за секоја категорија на кривично дело.
Следново исто така ќе биде избришано од кривичната евиденција:
...
8. Осудителни пресуди за кои прекршителот бил судски рехабилитиран, при што судот изречно наложува отстранување на осудителната пресуда од евиденцијата во согласност со вториот став од членот 798.“
III. РЕЛЕВАНТНО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО
А. Инструменти на Советот на Европа
27. Конвенцијата од 1981 г. на Советот на Европа за заштита на поединци што се однесува до автоматската обработка на лични податоци („Конвенцијата за заштита на податоци“) ги дефинира „личните податоци“ како секоја информација поврзана со идентификувано лице или лице што може да се идентификува. Конвенцијата меѓу другото го уредува и следното:
„Преамбула
...
Со оглед дека е пожелно да се прошират заштитите за правата и основните слободи на сите, и особено правото на почитување на приватноста, земајќи го во предвид зголемениот проток преку границите на лични податоци кои автоматски се преработуваат;
...
Член 5 – Квалитет на податоците
Личните податоци кои ќе подложат на автоматска обработка ќе бидат:
...
б. чувани за утврдени и законски цели а нема да се користат на начин кој е некомпатибилен со тие цели;
в. соодветни, релевантни и не претерани во однос на целите за кои тие се чуваат;
...
д. чувани во форма која дозволува идентификување на предметите на податоците не подолго од потребното за целите за кои тие податоци се чуваат.
Член 6 – Посебни категории на податоци
Личните податоци кои го откриваат расното потекло, политички мислења или други верувања, како и лични податоци во врска со здравјето или сексуалниот живот, не може да бидат автоматски обработени освен ако домашното право не обезбедува соодветна заштита. ...
Член 7 – Безбедност на податоците
Соодветни безбедносни мерки ќе бидат преземени за заштита на личните податоци чувани во автоматски датотеки заради заштита од случајно или неовластено уништување или случајно губење како и против неовластен влез, менување или дистрибуција.“
28. Препораката бр. Р (87) 15 на Комитетот на министри која го регулира користењето на лични податоци во полицискиот сектор (усвоена на 17 септември 1987 г.) меѓу другото го уредува следново:
„Принцип 2 – Собирање на податоци
2.1. Собирањето на лични податоци за полициски цели треба да биде ограничено на онолку колку што е неопходно за спречување на вистинска опасност или надзор на конкретно кривично дело. Секој исклучок на оваа одредба треба да биде предмет на конкретен национален закон.
...
Принцип 3 – Чување на податоците
3.1. Колку што е можно, чувањето на лични податоци за полициски цели треба да биде ограничено на точни податоци и на такви податоци кои се неопходни за да им се дозволи на полициските тела да ги извршуваат своите законски задачи во рамките на националното право и нивните обврски кои произлегуваат од меѓународното право.
...
Принцип 7 – Времетраење на чувањето и ажурирање на податоците
7.1. Мерки треба да се преземат за личните податоци кои се чуваат за полициски цели да се избришат доколку не се повеќе потребни за целите за кои биле чувани.
Од овие причини, треба да се земат во предвид следниве критериуми: потребата да се сочуваат податоците во контекст на заклучокот од истрагата во конкретниот случај; правосилната судска одлука, посебно ослободувањето; рехабилитацијата; поминати осудувања; амнестии; староста на предметот на податоците; посебни категории на податоци.“
Б. Компаративно право
29. Во март 2004 г. Сенатот на француската Република објави „Компаративна правна студија“ (бр. 133) во врска со третирањето на сексуалните прекршоци сторени против малолетни лица. Извештајот вели дека „ во Англија и во Велс постоел регистар на сексуални престапници“. Во Германија нема сојузен регистар туку две држави (Баварија и Бремен) имаат сопствени регистри. Во баварскиот регистар, познат како ХЕАДС (Haft-Entlassenen-Auskunfts-Datei-Sexualstraftäter) може да пристапат само полициски службеници и судии. Во Обединетото Кралство податоците што се однесуваат на престапници кои се осудени на повеќе од триесет месеци казна затвор се чуваат неограничено и нема можност за бришење на податоците (Законот за сексуални прекршоци од 2003 г., член 82).
ПРАВОТО
I. ПРЕЛИМИНАРЕН ПРИГОВОР ЗАРАДИ НЕИСЦРПУВАЊЕ НА ДОМАШНИТЕ ПРАВНИ ЛЕКОВИ
30. Жалителот се жалеше на своето внесување во регистарот на сексуални престапници за што бил известен на 22 ноември 2005 г. Тој се повика на членот 7 од Конвенцијата. Оваа жалба исто така беше предмет на прашања на Судот во врска со членот 8 од Конвенцијата.
31. Владата се изјасни дека не биле исцрпени домашните лекови. Тие посочија, како изречно споменато во формуларот за известување даден на жалителот дека тој можел да се обрати до јавниот обвинител за поправка согласно членот 706-53-10 од ЗКП врз основа на неговите тврдења за повреда.
32. Според жалителот тие одредби не можеле да бидат протолкувани на начин дека нуделе правен лек против внесувањето во регистарот како таков. Соодветно на тоа таквото мислење не може да се каже дека претставува делотворен правен лек против внесувањето во регистарот на сексуални престапници.
33. Судот забележа дека се јавува прашање во врска со делотворноста на правниот лек на кој се потпира Владата. Тој се согласува со жалителот дека барањето за поправка само овозможува можни материјални грешки во деталите на засегнатото лице кои треба да се поправат. Што се однесува до бришењето на информациите предвидени со закон, очигледно е од членовите 706-53-4 и 706-53-10 од ЗКП (види во параграф 18 горе) дека ова е предмет на формални и материјални услови кои ќе треба да се испитаат во контекст на заштитата обезбедена за лицата кои се внесени во регистарот од злоупотреба и своеволност. Судот смета дека овој аспект е поблиску врзан со испитувањето на основаноста на жалбата согласно членот 8 од Конвенцијата. Исто така забележува дека Владата покрена дополнителни приговори во врска со допуштеноста на секоја од жалбите; затоа ќе ја испита нивната допуштеност долу.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 7 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
34. Жалителот се жалеше на тоа дека бил внесен во Регистарот на сексуални престапници и на ретроспективната примена на Законот од 9 март 2004, кој наметнува построги обврски за него од оние кои постоеле во времето кога бил осуден, со што се прекршува членот 7 § 1. Таа одредба го вели следново:
„Никој нема да се смета за виновен за кривични дела на сметка на некаков чин или пропуст кој не претставува кривично дело согласно националното или меѓународното право во времето кога било сторено. Ниту пак потешка казна ќе се изрече од онаа што можела да се примени во времето кога кривичното дело било извршено.
35. Владата оспоруваше дека Судот нема јуриздикција ratione materiae да ја разгледува оваа жалба. Според она што беше поднесено од нив внесувањето во Регистарот на сексуални престапници не претставува „казна“ во рамките на значењето на судската пракса на Судот, со резултат дека членот 7 не може да се примени.
36. Владата не го оспоруваше фактот дека Законот од 9 март 2004 г. не стапил на сила ниту кога делото било сторено ниту кога жалителот бил осуден. Сепак, тие тврдеа дека мерката на која се жалел не претставувала „казна“ во рамките на значењето од членот 7. Тие се обидоа да го покажат ова со упатување на критериумите утврдени со судската пракса на Судот, конкретно во Велч против Обединетото Кралство (Welch v. the United Kingdom, 9 February 1995, § 27, Series A no. 307‑A), и Џамил против Франција (Jamil v. France, 8 June 1995, § 30, Series A no. 317‑B). Иако Судот во случајот на Џамил утврди дека затворањето заради недостаток било казна, врз основа дека „казнената мерка која била изречена против г-динот Џамил била изречена од кривичен суд, имала за цел да заплаши и можела да доведе до казнено лишување од слобода“ (§ 32), тој исто така пресудил дека посебен надзор не можел да се спореди со кривична казнена мерка која била креирана за спречување на извршување на прекршоци (тие упатувале на Raimondo v. Italy, 22 February 1994, § 43, Series A no. 281‑A). Според изјаснувањето на Владата тоа токму била и целта на безбедносните мерки кои вклучувале внесување во Регистарот на сексуални престапници. Тие можат да бидат дефинирани како мерки за општествена заштита креирани за спречување на лица да ги повторат делата или да го отстранат изворот на опасност. Тие не биле засновани на вината на престапникот туку врз опасноста која тој или таа ја претставувал/а. Оттука, внесувањето во Регистарот на сексуални престапници било спроведено „како безбедносна мерка“ (член 706-53-5 од ЗКП) и не било казнена мерка. Точката 4 од членот 706-53-2 од ЗКП предвидувала податоците за едно лице да бидат внесени во регистарот дури и кога ќе била усвоена одлука за прекинување на постапката или повлекување на обвинението или ослободување на засегнатото лице врз основа на првиот страв од членот 122-1 од Кривичниот законик, според кој „лицата кои во времето на прекршокот страдале од психијатриско или невропсихијатриско нарушување кое ги лишило од способноста да ги согледаат или контролираат нивните активности не [се] кривично одговорни.“
37. Жалителот се изјасни дека внесувањето во Регистарот на сексуални престапници вклучувало обврски кои произлегуваат од законот кои не постоеле во времето кога бил осуден. Тоа довело до потешка казна од онаа која се применувала во времето кога кривичното дело било сторено.
38. Судот забележува сека жалителот бил внесен во Регистарот на сексуални престапници како резултат на стапување на сила на Законот од 9 март 2004 г. Неговото внесување во регистарот се случило откако бил осуден. Мерката во прашање вклучувала обврска за жалителот да обезбеди доказ за неговата адреса на секои шест месеци и да пријави секаква промена на адресата најдоцна во рок од петнаесет дена.
39. Судот мора да докаже дали внесувањето во Регистарот на сексуални престапници може да се смета како „казна“ во рамките на значењето на членот 7 § 1 од Конвенцијата или дали тоа претставува мерка која е надвор од таа одредба (види Ibbotson v. the United Kingdom, Commission decision of 21 October 1998, no. 40146/98, и Adamson v. the United Kingdom (dec.), no. 42293/98, 26 January 1999, што се однесува до внесувањето во Регистарот на сексуални престапници и, mutatis mutandis, Van der Velden v. the Netherlands (dec.), no. 29514/05, ECHR 2006‑XV, што се однесува до задржувањето на примероци на ДНК од страна на властите, а земени од жалителот).
40. Во врка со тоа Судот повторува дека концептот на „казна“ во членот 7 е автономен и дека Судот и понатаму е слободен да оди подалеку од надворешниот изглед и самиот да процени дали конкретната мерка во суштина достига ниво на „казна“ во рамките на значењето на таа одредба. Формулацијата од членот 7 § 1, втората реченица, посочува дека појдовната точка во секоја проценка за постоењето на казна е дали мерката во прашање е изречена откако бил осуден за „кривично дело“. Други фактори кои можат да се земат во предвид како релевантни во врска со ова се карактеризација на мерката во прашање согласно националното право; неговата природа и цел; постапката што е дел од подготовката и спроведувањето на мерката; и нејзината строгост (види Велч, цитиран горе, §§ 27 и 28).
41. Во актуелниов случај Судот забележува најпрво дека внесувањето на жалителот во Регистарот на сексуални престапници навистина беше резултат на неговото осудување на 30 октомври 2003 г. бидејќи внесувањето во регистарот е автоматско во случај на лица кои, како и жалителот биле осудени на казна затвор подолга од пет години за сексуален прекршок.
42. Што се однесува до правната карактеризација во домашното право, Судот забележува дека според Уставниот суд мерката во прашање пред сè претставува „мерка за јавен ред“ а не казнената мерка и дека во согласност со недвосмислените одредби од членот 706-53-1 од ЗКП, Регистарот на сексуални престапници е дизајниран да ги спречи лицата кои сториле кривично дело или насилно кривично дело да не го повторат делото и да обезбеди тие да можат да бидат идентификувани и најдени (види во параграфите 18 и 19 горе).
43. Што се однесува до целта и природата на мерката на која се жали, Судот забележува дека жалителот ја сметал новата обврска што му била наметната како казнена. Меѓутоа Судот смета дека главната цел на обврската била да спречи повторување делото. Во таа смисла, тој смета дека фактот дека адресата на осудениот сторител и е позната на полицијата или жандармеријата и судските власти заради неговото или нејзиното внесување во Регистарот на сексуални престапници претставува начин на одвраќање и ги олеснува полициските истраги. Обврската произлегува од внесувањето во регистарот со што има превентивна и ограничувачка цел и не може да се смета за казнива по природа или дека претставува казнена мерка.
44. Понатаму, Судот забележува дека иако жалителот е соочен од казна затвор од две години и парична казна од 30.000 евра (ЕУР) доколку не ја исполни обврската, тогаш друга група на постапки, сосема незавнисни од постапката која довела до неговото осудување на 30 октомври 2003 г., ќе треба да се покренат, при што надлежниот суд би можел да процени дали непридржувањето е казниво (види, спротивно, Велч, цитиран горе, § 14).
45. Конечно, што се однесува до тежината на мерката, Судот повторува дека ова само по себе не е одлучувачко (види Велч, цитиран горе, § 32). Тој смета, во секој случај, дека обврската да обезбеди доказ за адресата на секои шест месеци и да пријави секаква промена на адресата најдоцна во рок од петнаесет дена, дури и за период од триесет години, не е доволно тешка за да достигне ниво на „казна“.
46. Во контекст на сите овие работи што се земаат во предвид, Судот смета дека внесувањето во Регистарот на сексуални престапници и обврската што произлегува од тоа не достигнало ниво на „казна“ во рамките на значењето на членот 7 § 1 од Конвенцијата и треба да се смета како превентивна мерка за која не важи принципот утврден во таа одредба, имено дека законот не треба да важи ретроспективно.
47. Соодветно на тоа, жалбата на жалителот согласно членот 7 од Конвенцијата мора да биде отфрлена како некомпатибилна ratione materiae со одредби на Конвенцијата, согласно членот 35 §§ 3 и 4 од Конвенцијата.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
48. Жалбата согласно членот 7 од Конвенцијата исто така покренува прашањата за Судот во врска со членот 8 од Конвенцијата, која во своите релевантни делови, уредува:
„1. Секој човек има право на почитување на неговиот приватен ... живот ... .
2. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, ... за спречување на нереди или кривично дело, заштитата на здравјето или моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.“
А. Изјаснување на странките
49. Владата нагласи на самиот почеток дека жалителот не подигнал изречно жалба согласно членот 8 од Конвенцијата во неговата првична жалба. Доколку Судот сепак сака да го испита случајот од гледна точка на членот 8, Владата се изјасни дека француските власти не ја прекршиле таа одредба.
50. Владата понатаму нагласи дека ограничувањето наметнато на жалителот како резултат на неговото внесување во Регистарот на сексуални престапници не може да се каже дека претставува мешање со приватниот и семејниот живот со оглед дека бил ограничен од условите утврдени во членот 706-53-5 од ЗКП (види во параграф 18 горе).
51. Тие тврдеа дека мерката во прашање навистина имала правна основа, во форма на Законот од 9 март 2004 г, кој ги утврдил импликациите за засегнатите лица од нивното внесување на Регистарот на сексуални престапници. Мерката имала за цел да спречи неред и кривични дела, особено поврзано со малолетници (членот 706-53-1 од ЗКП).
52. Конечно, Владата се изјасни дека интересот на општеството за спречување на сексуалните прекршоци мора да се мери наспроти сериозноста на повредата на правото на жалителот на почитување на неговиот приватен живот. Според нив формирањето на Регистарот на сексуални престапници било дел од постепеното воведување на одредена група на правила кои ги регулираат сексуалните прекршоци, што било оправдано со подигнувањето на свеста во врска со посебниот карактер на таквите прекршоци на што се работи во последно време. Второво произлегува од фактот дека овие сторители честопати имаат нарушувања на личноста кои претставуваат реален фактор во однос на повторувањето на делото и од фактот на специфичното страдање што се предизвикува кај жртвите, особено доколку се малолетни лица во времето кога делото е сторено. Оттука националните власти воспоставиле комбинација на казнени и превентивни мерки. Воспоставувањето на Регистарот на сексуални престапници во таа насока имало за цел да го пополни јазот во системот на превенција во однос на особено сериозната категорија на сексуални прекршоци. Владата додаде дека било јасно од судската пракса на Судот дека Судот не го оспорува правото на државите во обидот да спречат прекршоци, да собере и чува лични податоци под услов „да постоеле соодветни и делотворни гаранции против злоупотребата“ (тие упатија на Leander v. Sweden, 26 March 1987, § 60, Series A no. 116).
53. Во овој случај, според изјаснувањето на Владата, жалителот ги уживал сите гаранции предвидени со законот. Тој бил информиран од судските власти дека бил внесен во регистарот кој бил под надзор на судија. Само лица кои сториле сериозни сексуални дела на кои се упатува во членот 706-47 од гореспоменатиот Закон биле погодени, и само такви прекршоци автоматски повлекувале внесување во регистарот.
54. Што се однесува до други гаранции предвидени со законот, Владата посочи дека времето колку биле чувани информациите (дваесет до триесет години) зависело од тежината на делото. Ова бил максималниот период, а засегнатите лица можеле да побараат бришење од регистарот на информациите што се однесуваат на нив. Барањето можело да дојде од три органи: јавниот обвинител, судијата за слободи и притвор и претседателот на истражниот оддел. Пристапот со три органи претставувал тројна гаранција. Во овој случај фактот дека осудителната пресуда на жалителот била внесена во неговото криминално досие секое барање за бришење на информациите од Регистарот на сексуални престапници било недопуштено. Меѓутоа, жалителот имал можност да побара судска рехабилитација, со што би се избришала осудата од криминалната евиденција. Исто така Регистарот на сексуални престапници би можел да биде консултиран само од одредени органи кои биле обврзани по службена должност на доверливост и во прецизно дефинирани околности. Конечно, не било можно да се споредат податоците од Регистарот за сексуални престапници со податоци кои биле чувани на друго место.
55. Владата заклучи дека заштитите кои го следеле внесувањето во регистарот биле такви што достигнале ново на попречување кое било потребно во едно демократско општество во рамките на членот 8 § 2 од Конвенцијата.
56. Според гледиштето на жалителот информациите содржани во регистарот не биле за јавна употреба. Ограничувањата наметнати со законот не биле минимумот туку ја ограничувале слободата на движење на лицето.
Б. Оценка на Судот
57. Судот повторува дека со оглед дека тој владее со карактеризацијата што треба да се даде во правото на фактите од случајот, не смета дека тој е обврзан од карактеризацијата дадена од жалителот или владата. По основ на принципот jura novit curia, тој може самиот да ги разгледа по сопствено барање жалбите согласно членовите или ставовите на кои не е упатено од оние што се појавиле пред него. Со други зборови една жалба се карактеризира од фактите кои се тврдат во неа а не чисто на правна основа или аргументи на кои се повикува (види Guerra and Others v. Italy, 19 February 1998, § 44, Reports of Judgments and Decisions 1998‑I, и Berktay v. Turkey, no. 22493/93, § 168, 1 March 2001). Приговорот на Владата за недопуштеност затоа треба да се отфрли.
Судот забележува дека оваа жалба не е очигледно погрешно засновано во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата. Тој понатаму забележува дека не е недопуштена по ниеден друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена.
58. Што се однесува до останатото Судот забележува дека Регистарот на сексуални престапници содржи податоци во врска со приватниот живот на жалителот. За Регистарот е одговорно Министерството за правда и е под надзор на судија кој управува со кривичната евиденција. Судот нагласува дека не е негова работа во оваа фаза да шпекулира за чувствителната природа или за друго нешто во врска со информациите што биле собрани или за можните тешкотии искусени од жалителот. Според своето прецедентно право, чувањето на информации од страна на државни органи во врска со приватниот живот на едни лице достигнува ниво на попречување во рамките на значењето на членот 8. Последователната употреба на чуваните информации нема никакво значење за тој наод (види, mutatis mutandis, Леандер, цитиран горе, § 48, и Kopp v. Switzerland, 25 March 1998, § 53, Reports 1998‑II). Поконкретно, Судот веќе има пресудено дека условот за лицата осудени за сексуални кривични дела да ја информираат полицијата за своето име, датумот на раѓање, адресата и промената на адреса потпаѓа во опсегот на членот 8 § 1 од Конвенцијата (види Адамсон, цитиран горе).
59. Судот забележува дека странките не оспориле дека попречувањето во прашање било во согласност со законот и имало легитимна цел да спречи неред и кривично дело (ибид.) Затоа мора да се испита дали попречувањето било потребно од гледна точка на условите дадени во Конвенцијата.
60. Бидејќи националните власти ја прават првичната проценка за тоа која е правичната рамнотежа во случајот пред конечната проценка на овој Суд, одредено дискреционо право во принцип е дадено од овој Суд на оние органи што се однесува на таа проценка. Ширината на ова право варира и зависи од низа фактори, вклучително природата на активностите што се ограничени и целите кон кои се стреми со ограничувањато (види Smith and Grady v. the United Kingdom, nos. 33985/96 and 33986/96, § 88, ECHR 1999‑VI).
61. Соодветно на тоа, кога е во прашање особено важен аспект од постоењето или идентитетот на лицето, дискреционото право што е доделено на една држава генерално ќе биде ограничено.
62. Заштитата на личните податоци е од суштинска важност за едно лице да може да го ужива своето право на почит за приватниот и семејниот живот како што е гарантирано во членот 8 од Конвенцијата. Во домашното право затоа мора да се внесе соодветна заштита за да се спречи секаква таква употреба на личните податоци затоа што можат да не се конзистентни со гаранциите на овој член (види, mutatis mutandis, Z v. Finland, 25 February 1997, § 95, Reports 1997‑I). Согласно своите наоди во С. и Марпер против Обединетото Кралство (S. and Marper v. the United Kingdom [GC], nos. 30562/04 and 30566/04, § 103, ECHR 2008), Судот смета дека потребата од таква заштита е уште поголема кога се работи за заштита на личните податоци кои автоматски се обработуваат, а не помалку кога таквите податоци се користат за полициски цели. Домашното право треба забележително да обезбеди таквите податоци да се релевантни и не претерани во врска со целите за кои тие се чуваат и тие да се чуваат во форма која дозволува идентификација на предметите на податоците но не за нешто повеќе од она што е потребно за целта за која тие податоци се чуваат (види во параграфите 27 и 28 горе, особено членот 5 од Конвенцијата за заштита на податоците и преамбулата таму и Принципот 7 од Препораката Р (87) 15 на Комитетот на министри кои ја регулираат употребата на лични податоци во полицискиот сектор). Домашното право исто така може да обезбеди адекватни гаранции за да обезбеди податоците што се чуваат да бидат ефикасно заштитени од злоупотреба и погрешна употреба.
63. Судот не може да ја стави под знак прашање превентивната цел на еден регистар како оној во кој жалителот бил внесен откако добил казна затвор од петнаесет години за силување на малолетно лице. Целта на тој регистар како што веќе беше посочено е да се спречи кривично дело и особено во борба против рецидивизмот и, во такви случаи, да го олесни идентификувањето на престапниците. Сексуалната злоупотреба е несомнено ужасен вид на злосторство, кое има како последици ослабување на жртвата. Децата и други ранливи поединци имаат право на заштита од државата во форма на делотворно одвраќање од такви тешки форми на нарушување на основните аспекти на нивните приватни животи (види Stubbings and Others v. the United Kingdom, 22 October 1996, § 64, Reports 1996‑IV).
64. Во исто време европската казнена политика се развива и напоредно со целта да се казни сè поголема важност и дава на рехабилитациската цел на затворањето, особено кон крајот на долга казна затвор (види Dickson v. the United Kingdom [GC], no. 44362/04, § 75, ECHR 2007‑V). Успешната рехабилитација значи, меѓу другите работи, спречување на повторување на делото (види го извештајот на Комесарот на Советот на Европа за човекови права цитиран во Léger v. France (no. 19324/02, § 49, ECHR 2006‑...)).
65. Во овој случај жалителот беше автоматски внесен во регистарот согласно преодните одредби од Законот од 2004 г., со оглед на кривичното дело за кое тој конечно бил осуден. Тој бил на време известен дека бил внесен во регистарот и ги забележал обврските што му биле наметнати.
66. Што се однесува до обврската да обезбедува доказ за адресата на секои шест месеци или за каква било промена на адресата со закана со казна затвор или плаќање на парична казна, Судот претходно има одлучено дека со ова не се јавува како проблем согласно членот 8 од Конвенцијата (види Адамсон, цитиран горе).
67. Што се однесува до тоа колку време ќе се чуваат информациите, Судот забележува дека тоа е или дваесет или триесет години во зависност од тежината на казната.
68. Како што беше посочено од Владата ова се максималните периоди. Иако период од триесет години во овој случај е значителен, Судот забележува дека податоците се бришат автоматски по истекувањето на тој период, кој започнува да тече веднаш штом одлуката која го повлекла внесувањето во регистарот ќе стане правосилна. Судот понатаму забележува дека засегнатото лице може да побара од јавниот обвинител податоците во врска со него или неа да бидат избришани доколку чувањето на податоците повеќе не се чини дека е неопходно со оглед на намената на регистарот, со оглед на природата на делото, возраста на засегнатото лице кога било сторено, времето кое поминало и актуелната личност на лицето (види во параграф 18 горе, членот 706-53-10 од ЗКП). Одлуката на обвинителот може да се обжали пред судија за слободи и притвор и последователно пред претседателот на одделот за истрага.
69. Судот смета дека оваа судска постапка за отстранување на податоците предвидува независно разгледување на оправдувањето за задржување на информациите според дефинираните критериуми (види С. и Марпер, цитиран горе, § 119) и обезбедува соодветна и делотворна заштита на правото на почитување на приватниот живот, со оглед на сериозноста на делата заради кои се внесува во регистарот. Искрено, чувањето на податоците толку долго време може да повлече проблем согласно членот 8 од Конвенцијата. Меѓутоа Судот забележува дека жалителот во секој случај ќе има практична шанса да поднесе барање за отстранување на сочуваните податоци од датумот на кој одлуката која повлекла внесување во регистарот повеќе не е правосилна. Во вакви околности, Судот смета дека приодот на време за кој податоците се чуваат не е несразмерен со целта за која се чуваат информациите.
70. Што се однесува до правилата за користење на регистарот и опсегот на јавните власти кои имаат пристап до него, Судот забележува дека вториве се проширени во неколку прилики и не се повеќе ограничени на судските власти и полицијата, туку сега исто така имаат пристап и административните тела (член 706-53-7 од ЗКП, види во параграф 18 горе). Сепак останува фактот дека регистарот може да се консултира само од властите кои се обврзани на доверливост, и во прецизно дефинирани околности. Дополнително на тоа актуелниот случај не подложи на испитување in concreto на прашањето на достапност на регистарот за проверки за административни потреби.
71. Како заклучок, Судот смета дека внесувањето на жалителот во Регистарот на сексуални престапници успеало да постигне правична рамнотежа меѓу конкурентните приватни и јавни интереси кои се во прашање и дека тужената држава не го пречекорила прифатливото дискреционо право во таа смисла. Соодветно на тоа во овој случај нема повреда на членот 8 од Конвенцијата.
III. ДРУГИ НАВОДНИ ПОВРЕДИ
72. Потпирајќи се на членовите 6, 13, 14 и 17 од Конвенцијата, жалителот, кој тврдеше дека бил невин, се жалеше на начинот на кој била водена истрагата во неговиот случај, фактот дека неговите барања за истражни мерки и вештачења биле одбиени од истражниот судија како и фактот дека неговото барање за повторување на судењето до Одборот за разгледување на кривични случаи било одбиено. Во писмо од 3 ноември 2005 г. тој исто така се жалел на тоа дека му било одбиено неговото барање за суспендирање на неговата казна, тврдејќи дека неговата здравствена состојба не била компатибилна со затворот. Подоцна во писмо од 5 декември 2005 г. жалителот тврдел согласно членот 3 од Конвенцијата дека неговиот континуиран притвор достигнал мачење.
73. Земајќи ги во предвид сите докази кои ги поседуваше и што се однесува до јуриздикцијата да се испитаат овие жалби, Судот не утврди никаква појава на повреда на правата и слободите гарантирани со одредбите на кои се потпира. Затоа смета дека овие жалби се очигледно лошо засновани во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата и мора да бидат отфрлени согласно членот 35 § 4.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ја прогласува жалбата во врска со членот 8 од Конвенцијата за допуштена, а остатокот на жалбата за недопуштена.
2. Одлучи дека немало повреда на членот 8 од Конвенцијата;
Изготвено на француски јазик, и доставено на писмено на 17 декември 2009 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Клаудиа ВестердиекПиер Лоренцен Секретар Претседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy