ВТОРА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА ГЕБРЕМЕДХИН [ГАБЕРАМАДХЕИН] против ФРАНЦИЈА
(Жалба бр. 25389/05)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
26 април 2007 г.
КОНЕЧНА ВЕРЗИЈА
26/07/2007
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Во случајот на Гебремедхин [Габерамадхеин] против Франција,
Европскиот суд за човекови права (Втората секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:
Андраш Бака (András Baka), претседател,
Жан-Пол Коста (Jean-Paul Costa),
Ирену Кабрал Барето (Ireneu Cabral Barreto),
Антонела Муларони (Antonella Mularoni),
Елизабет Фура-Сандстром (Elisabet Fura-Sandström),
Дануте Јочиене (Danutė Jočienė),
Драгољуб Поповиќ (Dragoljub Popović), судии,
и Сали Доле (Sally Dollé), секретар на Секцијата,
Откако го разгледа случајот на затворени седници на 16 јануари. и 27 март 2007 год.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 25389/05) против Република Франција поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на француски државјанин, г-динот Асебеха Гебремедхин [Габерамадхиен] („жалителот“) на 14 јули 2005 година. Жалителот изјави дека начинот на кој е напишан „Габерамадхиен“ во некои од интерните документи, кореспондирал на фонетската транскрипција на неговото име од страна на француската аеродромска и гранична полиција. Додека еритрејските изводи и документи напишани на латиница го пишувале како „Гебремедхин“. Жалителот додал дека како и многу еритрејски новинари, тој користел „професионален псевдоним“, имено „Јајнеабеба“ („цвет на моето око“).
2. Жалителот, на кој му била одобрена правна помош, беше преставуван од г-динот Ј. –Е. Малбр, адвокат со пракса во Лимож. Француската Влада („Владата“) беше претставувана од нивниот агент, г-ѓата Е. Белиар, директор за правни прашања при Министерството за надворешни работи.
3. Претседателот на Судскиот советот кому првично му биеше доделен случајот и последователно Судскиот советот, одлучи да го примени правилото 39 од Деловникот на Судот, посочувајќи и на Владата дека било пожелно а во интерес на странките и заради соодветно спроведување на постапките пред Судот да не се врати жалителот во Еритреја.
4. Со одлука од 10 октомври 2006 г., Судот ја прогласи жалбата за делумно допуштена.
5. И жалителот и Владата поднесоа дополнителни забелешки (правилото 59 § 1). Исто така, коментари на трета странка беа примени од Националното здружение за помош на странци на границите, на кое претседателот му даде дозвола да интервенира во писмената постапка (член 36 § 2 од Конвенцијата и правилото 44 § 2). Странките одговорија на тие коментари (правило 44 § 5).
6. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 16 јануари 2007 година (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(a) за Владата
Г-ѓа Е. Белиар (E. Belliard), директор за правни прашања, Министерство за надворешни работи, агент,
Г-ѓа А.-Ф. Тисје, (A.-F. Tissier), шеф на Отсекот за човекови права, Оддел за правни прашања, Министерство за надворешни работи,
Г-ѓа М. Зис (M. Ziss), секретар за изготвување на предлози, Одделение за човекови права, Оддел за правни прашања, Министерство за надворешни работи,
Г-дин Мутон (Mouton), заменик шеф, Одделение за правни и меѓународни прашања, OFPRA,
Г-ѓа Ф. Дубле (F. Doublet), шеф на Бирото за европско, меѓународно и уставно право, Отсек за правни совети и парници,
Оддел за граѓански слободи и правни прашања, Министерство за внатрешни работи,
Г-дин Ж.-М. Риб (J.-M. Ribes), Централна канцеларија на аеродромската и граничната полиција, Министерство за внатрешни работи,
Г-дин М. Косар (M. Caussard), Одделение за парници, Совет на државата (Conseil d’Etat), адвокат,
(б) за жалителот
Г-дин Ж.-Е. Малбр (J.-E. Malabre), адвокат, адвокат.
Жалителот исто така беше присутен. Судот ги сослуша обраќањата на г-динот Малбр и г-ѓата Белиар и нивните одговори на прашањата на судиите.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
7. Жалителот е роден во 1979 г. Тој во моментов е сместен во Париз во сместување обезбедено од невладина организација.
8. Во 1998 г., како и многу други лица, жалителот и неговото семејство биле раселени од Етиопија во Еритреја. Во Еритреја, жалителот работел како известувач и фотограф, главно за независниот весник Кесте Дебена, чиј главен и одговорен уредник во тоа време бил г-динот Милкиас Михретаб. Жалителот изјави дека тој бил познат како лидер на слободниот печат во Еритреја и дека неговиот случај е обработен во извештајот на Амнести Интернешнал за 2002 г., во кој пред сè се упатува на фактот дека бил уапсен и своеволно притворан во таа земја во повеќе од една прилика заради неговата работа како новинар. Жалителот додаде дека на 27 јуни 2002 г. Британската канцеларија на Амнести Интернешнал го наградила г-динот Михретаб со својата „Специјална награда за новинарство за човекови права под закана“.
Жалителот и г-динот Михретаб биле уапсени во 2000 г., наводно заради нивните професионални активности. Биле држени во затворот Зара осум месеци првиот и шест месеци вториот.
Во врска со тоа жалителот изјави дека бил споменат – под името „Јебио“, деминутивна форма од неговиот псевдоним „Јајнеабеба“ – на веб страницата посветена на реформата во Еритреја () како еден од шесте новинари уапсени на 14 октомври 2000 г. во исто време со Милкиас Михретаб.
9. За разлика од г-динот Михретаб, кој пребегнал во Судан во септември 2001 г., жалителот останал во Еритреја, во Асмара, за да се грижи за својата мајка вдовица и неговите четири браќа и сестри. Нешто по заминувањето на Михретаб – на непотврден датум – полицијата го испитувала жалителот во врска со него. Полициските службеници му го претресле домот и нашле фотографии кои ги сметале за компромитирачки. Жалителот бил уапсен и малтретиран, а последици од истото наводно сè уште има во форма на изгореници од цигари и повреди по грбот предизвикани од положбата во која бил држен околу дваесет дена, легнат со лицето надолу а нозете и рацете врзани на грбот. Последователно бил затворен шест месеци пред да се разболи и да го префрлат во болница од каде избегал потплатувајќи ги стражарите, со помош на роднини на баба му од страната на мајка му кои работеле таму. Тој потоа се скрил во домот на баба му во Ареза, каде бил лекуван од лекар. Штом закрепнал избегал во Судан каде што живеел еден од неговите вујковци. Кога еден Еритреец бил застрелан и убиен во Судан решил да замине од земјата бидејќи еритрејската заедница таму верувала дека убиството било извршено од агенти на еритрејската влада кои ги гонеле опонентите на власта.
10. Жалителот изјави дека отпатувал за Јужна Африка и дека со помош на шверцер и со судански пасош (на име на „Мохамед Ајдер“ или така нешто) кој го чувал шверцерот, пристигнал на парискиот аеродромот Шарл де Гол во Роаси во околу 5.30 часот наутро на 29 јуни 2005 г. со лет од Јоханесбург. Тој се изјаснил дека бил држен во меѓународната зона на аеродромот до 1 јули 2005 г. и заради тоа не можел да поднесе барање за дозвола за влез во земјата. Осум часа по неговото пристигнување се пријавил во полициската станица изјавувајќи дека е Еритреец и дека сакал да поднесе барање за азил. Полицискиот службеник побарал од него да „докаже од каде дошол, тврдејќи дека не бил Еритреец туку Пакистанец и за првпат бил одбиен да добие дозвола да ја напушти меѓународната зона“. Според жалителот, во наредните два дена (меѓу 29 јуни и 1 јули), тој редовно одел во полициската станица – на секое менување на смената, или приближно осум пати – со залудна надеж дека ќе наиде на полициски службеник кој ќе го погледне неговото барање. Тој рече дека „дури на 1 јули нов полициски службеник кој претходно го немал видено конечно го завел неговото барање“.
Владата ја оспори оваа верзија на фактите. Тие рекоа дека тие ја провериле патничките листа на летовите од Јужна Африка кои слетале на Аеродромот во Роаси на 29 и 30 јуни и 1 јули 2005 г. и немало никој со име Гебремедхин, Габерамадхиен или Ајдер. Тие упатија на извештајот од аеродромската и граничната полиција од Роаси со датум од 1 јули 2005 г., во кој се велело дека жалителот бил испитан во 11 часот наутро истиот ден.
11. На 1 јули 2005 г. жалителот побарал дозвола да влезе во Франција како барател на азил. Тој бил испрашан во 11 часот наутро од висок полициски службеник (officier de police judiciaire) со помош на толкувач од англиски јазик. Записникот од интервјуто едноставно вели дека „испитаникот не дал никаков доказ кој би ги поткрепил неговите изјави“. Одлуката да се држи жалителот во зоната за чекање била донесена од административните власти на тој датум и во тоа време, за почетен период од четириесет и осум часа, кој последователно бил продолжен (види во параграф 18 долу).
12. Жалителот рече дека првпат бил интервјуиран на 3 јули 2005 г. од службено лице на Француската агенција за заштита на бегалци и лица без државјанство (ОФПРА), кој препорачал на жалителот да му се даде дозвола да влезе во земјата како барател на азил. Владата од своја страна оспорила дека препораката била издадена на 3 јули. Записникот од интервјуто и предложената препорака, и двете изработени од засегнатиот службеник се сметале за незадоволувачки од страна на директно надредениот на службеното лице, кој бил одговорен за нивно одобрение. Од тие причини жалителот по втор пат бил интервјуиран на 5 јули 2005 г. од страна на второво службено лице (со помош на толкувач). Даденото службено лице ја дал следнава препорака дека на жалителот не треба да му даде дозвола за влез:
„Изјава земена во Амхарик со помош на ИСМ толкувач
Причина за барањето? Моите родители се со еритрејско потекло. Имавме етиописко државјанство и живеевме во Адис Абеба. Во 1998 г. етиописките власти ни рекоа дека не сме Етиопијци. Бевме протерани од Етиопија во Еритреја. Таа година требаше да ги полагам своите завршни испити на училиште, но не можев да ги полагам во Еритреја. Шест месеци работев во гаража, а потоа служев воен рок. Додека бев таму се запознав со човек кој беше новинар. Кога го отслужив воениот рок работев со пријателот новинар како камерман и фотограф и заедно патувавме на новинарски задачи. Мојот пријател имаше проблеми со властите и сакаше да ја напушти земјата. Кога се вратив властите ме испитаа за мојот пријател и ме пикнаа в затвор. Додека бев во затвор полицијата изврши претрес во мојот дом и најде две фотографии кои ги сметаа за компромитирачки. Потоа започнаа да ме мачат со цигари. Во затвор останав шест месеци додека не се разболев од туберкулоза. Ме однесоа во болница. Сосема случајно тоа беше болницата во која работеа едни роднини на баба ми од страната на мајка ми. Тие ги поткупија стражарите, ми донесоа облека и ми помогнаа да избегам. Заминав кај баба ми во Ареза и останав таму четири месеци додека се лекував. Потоа тајно ја напуштив земјата за Судан. Веднаш најдов работа во една гаража во Картоум, но наоколу имаше еритрејски агенти, и еден Еритреец кој работеше во близина беше убиен. Се плашев па затоа заминав за Порт Судан каде што работев како носач на кејовите. Во Судан останав сè на сè две години (осум месеци во Картоум, една година во Порт Судан и уште два месеци во Картоум). Вујко ми го продаде автомобилот за да ми го плати патот. Пред да дојдам во Франција заминав за Јужна Африка. Вујко ми најде мрежа на шверцери со луѓе. Не знам како ги организираа работите.
Како се вика твојот пријател и како се запознавте? Се вика Милкиас Михретаб, семеен пријател ни е, и се знаеше со моите родители во Адис Абеба. Кога се преселивме назад во Асмара, осумнаесет месеци служев воен рок. Потоа бев во резерва и работев во армиската гаража но не носев униформа. Тогаш мојот пријател ми среди да работам за него со тоа што тој гарантираше за мене.
Дали можеш да ни дадеш некој пример за настан од кој си известувал? Ги покривавме студентските штрајкови во Асмара во 2002 г. (не даде никакви дополнителни детали).
Какви биле тие две „компромитирачки“ фотографии што биле пронајдени во твојот дом? Не знам, не се сеќавам.
За кој весник работеше твојот пријател Милкиас Михретаб? Keste Debena (Виножито) Што работеше тој? Главен и одговорен уредник.
Дали знаеш какви проблеми имаше твојот пријател со властите? Имаше две главни причини. Прво, мојот пријател беше за Устав, и второ тринаесет министри беа затворени, а мојот пријател ги објави нивните биографии. Тие беа затворени веднаш по студентските штрајкови во 2002 г.
Кога твојот пријател ја напушти земјата? Тоа беше во април 2002 г., кога сите новинари беа уапсени.
Дали други новинари биле уапсени? Сите еритрејски новинари се во затвор. Дали знаеш други новинари од Кесте Дебена кои биле уапсени? (Нема одговор). Други фотографи? (Нема одговор).
Дали можеш да дадеш повеќе детали за твоето апсење (датум, околности, каде беше притворен)? Бев уапсен во октомври или ноември 2002 г. Ме однесоа во затворот Мејтаманај, каде поминав шест месеци.
Зар не беше уапсен „веднаш штом се врати“ во Асмара? Не, продолжив да работам овде-онде шест месеци.
Што стана со твоето семејство? Татко ми се разболи и почина пред да го протераат семејството. Мајка ми и моите двајца браќа и две сестри живеат во Асмара. Моите браќа и сестри одат на училиште.
Од што се плашиш доколку се вратиш? Кога бев уапсен, главната работа која сакаа да ја знаат беше која мрежа ја користел мојот пријател за да ја напушти земјата. Мислам дека сè уште се обидуваат да ја добијат таа информација.
Дали е ова твоето вистинско име? Да, нема ниедно друго име, и никогаш не сум имал.
Дали сакаш нешто да додадеш? Не.
Образложена препорака
Г-динот Асебеха Габерамадхиен, еритрејски државјанин, изјави дека работел како фотограф со семеен пријател кој бил новинар. Според г-динот Габерамадхиен во април 2002 г., додека биле на новинарска задача на суданската граница, новинарот ја искористил шансата и ја напуштил Еритреја. Откако се вратил во Асмара, г-динот Габерамадхиен продолжил да работи шест месеци пред да биде уапсен од еритрејските власти. Бил сместен во притвор шест месеци и редовно бил испрашуван за околностите околу заминувањето на неговиот пријател и колега. Откако се разболел од сериозна болест бил префрлен во болница од каде успеал да избега со помош на членови на семејството кои работеле таму. Потоа престојувал кај баба му четири месеци пред да ја напушти Еритреја и да замине за Судан каде што живеел и работел околу две години.
Меѓутоа во описот на г-динот Габерамадхиен има многу недоследности и погрешни информации кои фрлаат сомнеж за вистинитоста на неговата изјава. Иако настанот во кој неколку новинари биле уапсени во Асмара е многу добро познат и покриен од светските медиуми, она што го раскажа г-динот Габерамадхиен нема никаква врска со она што реално се случило. Еритрејските новинари биле уапсени во септември 2001 г., не во април 2002 г., а жалителот не покажа дека ги знае причините поради кои биле затворени весниците и уапсени новинарите. Главниот и одговорен уредник на весникот Кесте Дебена исто така ја напуштил Еритреја во септември 2001 г. (затоа се чини невозможно дека тој известувал за штрајковите во 2002 г.). Ниту околностите на неговото заминување, заедно со друг репортер од истиот весник, не се поклопуваат со ниедна од изјавите на г-динот Габерамадхиен. Се чини изненадувачки, во најмала рака, дека покрај главниот уредника на Кесте Дебена, тој не знаеше да именува ниту еден новинар или фотограф уапсен од еритрејската влада на дадениот ден, или да именува некој друг весник кој бил забранет. Исто така, крајно изненадувачки е тоа дека г-динот Габерамадхиен може да посочи – на многу штур и непрецизен начин – само еден настан кој го покривал како фотограф. Неговото незнаење е такво што покренува сериозни сомнежи за тоа дали реално бил ангажиран за овој настан. Со оглед на широката покриеност на настанот од медиумите во тоа време, се чини чудно дека името на г-динот Габерамадхиен не се појавува никаде, ниту како член на персоналот на Кесте Дебена ниту како едно од уапсените лица. Сите овие фактори земени заедно сугерираат дека г-динот Габерамадхиен се обидува да го фалсификува своето минато.
Француската агенција за заштита на бегалците и лицата без државјанство зазеде гледиште дека барањето за дозвола за влез во Франција како барател на азил поднесено од г-динот Асебеха Габерамадие треба да се смета за очигледно неосновано, и затоа издава
ПРЕПОРАКА ДА СЕ ОДБИЕ ДОЗВОЛАТА ЗА ВЛЕЗ“
13. На 6 јули 2005 г. Министерството за внатрешни работи одлучи дека барањето на жалителот на дозвола за влез во Франција како барател на азил било „очигледно неосновано“. Затоа барањето е одбиено и одлучено е тој да биде вратен „во Еритреја, или доколку има потреба во некоја друга земја каде би бил законски примен“ (жалителот тврдеше дека 93% од барањата поднесени на аеродромот биле одбивани на овој начин). Одлуката го вели следново:
“...
Земајќи ја во предвид Женевската конвенција од 28 јули 1951 г. за статусот на бегалците;
Земајќи го во предвид Законот за имиграција и азил, и посебно членот Л. 221-1 и Л. 213-4, од тука;
Земајќи го во предвид Указот бр. 82-442 од 27 мај 1982 со измените и дополнувањата за спроведување на членот 5 од Декретот од 2 ноември 1945 г., со измените и дополнувањата во однос на дозволата за влез на француска територија, и особено членот 12, од тука;
Земајќи го во предвид барањето за дозвола за влез во Франција како барател на азил поднесено на Аеродромот во Роаси на 1 јули 2005 г. од страна на Х, кој тврдел дека е г-динот Асебаха или Асебеха Габерамадхиен, роден на 15 март 1979 г. и со еритрејско државјанство;
Земајќи го во предвид извештајот изготвен од граничната полиција на 1 јули 2005 г.;
Откако се консултиравме со Француската агенција за заштита на бегалци и лица без државјанство на 5 јули 2005 г.;
Х, кој тврди дека е г-динот Асебаха или Асебеха Габерамадхиен, еритрејски државјанин, изјави дека додека служел воен рок се запознал со еден новинар, главниот и одговорен уредник на весникот Кесте Дебеан (Виножито) за кој работел како камерман и фотограф откако завршил со служењето на воениот рок. Вториов имал проблеми со властите заради неговата поддршка за Уставот и бидејќи ги објавил биографиите на тринаесет министри затворени после студентските штрајкови во 2002 г. Неговиот пријател новинар ја напуштил земјата во април 2002 г. по завршувањето на новинарска задача на суданската граница. Тој самиот се вратил во Асмара и продолжил да работи. После шест месеци, во октомври или ноември 2002 г. властите го испрашувале за околностите во кои неговиот пријател и колега ја напуштил земјата. Полицијата нашла две компромитирачки фотографии во неговиот дом и подоцна бил малтретиран. Бил затворен шест месеци, а откако се разболел бил префрлен во болница каде работеле роднини на неговата баба. Тој избегал од болницата поткупувајќи ги стражарите и заминал за Ареза, каде останал четири месеци пред да замине за Судан, каде живеел и работел две години.
Меѓутоа, изјавите на Х содржат бројни недоследности кои ја намалуваат нивната веродостојност. Неговиот приказ на настаните не се поклапа со реалните настани на кои тој упатува, имено апсењето на неколку новинари во Асмара, настан кој е добро познат и широко покриен од медиумите. Еритрејските новинари биле уапсени во септември 2001 г., не во април 2002 г. а Х не покажа дека ги знае причините заради кои биле затворени весниците и уапсени новинарите. Исто така, главниот и одговорен уредник на весникот Кесте Дебена ја напуштил Еритреја во септември 2001 г. и затоа нема шанса дека известувал од студентските штрајкови во 2002 г. како што тврди Х. И околностите на заминувањето на уредникот, заедно со уште еден новинар од истиот весник, не се поклапаат со изјавите на Х. Дополнително, нема доказ за неговата професионална активност: многу изненадува дека тој не може да именува ниту еден друг весник кој бил забранет или некој друг новинар или фотограф уапсен од страна на еритрејските власти на тој ден. Исто така изненадува фактот дека Х може да посочи само еден настан кој тој го покривал како фотограф, и тоа на многу штур и непрецизен начин. Конечно, неговото име не се појавува никаде, ниту како член на персоналот на Кесте Дебена, ниту како едно од уапсените лица и покрај широката покриеност на настаните во тоа време од страна на медиумите. Сите овие фактори земени заедно фрлаат сомнеж врз искреноста на неговото барање и дали истото е добро засновано.
Последователно, барањето за дозвола за влез во Франција заради азил поднесено од Х ..., кој тврди дека е г-динот Асебаха или Асебеха Габерамадхиен треба да се смета за очигледно неосновано.
Согласно членот Л. 213-4 од Законот за имиграција и азил, треба да се дадат насоки за негово враќање во Еритреја, или доколку е потребно во некоја друга земја каде може законски да биде примен ...“
14. На 7 јули 2005 г. жалителот поднел итно барање до Управниот суд на Сержи-Понтоаз согласно членот Л. 521-2 од Законот за управни судови, во кое барал налог со кој ќе се побара од Министерството за внатрешни работи да му даде дозвола за влез во Франција за да поднесе барање за азил. Тој тврдел дека одбивањето да му се даде дозвола да влезе достигнало ниво на сериозна и очигледна нелегална повреда на правото на азил – основна слобода чија последица било правото да се поднесе барање за бегалски статус, од кое произлегува правото на привремен престој во земјата – и правото на живот и правото да не се биде подложен на нечовечно или понижувачко постапување во рамките на значењето на членот 3 од Конвенцијата. Во таа насока жалителот тврдел, посебно дека Министерството не само што го надминал опсегот на неговите овластувања во испитувањето на суштината на неговото барање за азил, туку исто така направило и погрешна проценка кога утврдил дека барањето било очигледно неосновано. Тој нагласил посебно дека како камерман и фотограф кој работел за новинар, тој бил изложен на прогон во својата земја на потекло, каде бил затворен два пати и малтретиран пред да побара засолниште во Судан, од каде избегал бидејќи животот му бил во опасност.
Жалителот пред судијата за итни барања ја поднел следнава изјава, изготвена на истиот ден од невладината организација Новинари без граници (Reporters sans frontières):
“... Новинари без граници, меѓународна организација посветена на одбрана на слободата на печатот сака да го насочи вашето внимание на случајот на Асебаха Габерамадхиен, новинар со еритрејско државјанство.
Благодарение на напорите на нашите постојани дописници, ние сме во позиција да потврдиме дека г-динот Габерамадхиен работел како камерман и новинар. Стапивме во контакт со еритрејскиот новинар Јоханес Милкиас Михретаб, сега во егзил во САД, кој ни потврди дека работел со г-динот Габерамадхиен. Тој исто така потврди дека двајцата мажи биле затворени во исто време во многу тешки услови во Затворот Зара, еден од најсуровите затвори во земјата.
Имајќи ги на ум крајните рокови кои треба да се почитуваат при разгледувањето на овој случај и спроведувајќи ги неопходните проверки, сепак ќе нагласам дека Новинари без граници го поддржуваат барањето на г-динот Габерамадхиен за политички азил. Би биле благодарни доколку добиеме шанса да се сретнеме со него за да го проучиме случајот подобро и да ги обезбедиме сите докази кои се потребни за потребите на неговото барање. Ќе бидеме крајно благодарни доколку му дадете дозвола да влезе во Франција ...“
Дополнително, жалителот обезбедил два имејла на англиски јазик испратени од г-динот Михретаб до Новинари без граници на 7 јули 2005 г. (г-динот Михретаб испратил и трет сличен имејл до адвокатот на жалителот на 11 јули 2005 г.). Во двата имејла г-динот Михретаб потврдува дека тој го знаел Асебеха Гебремедхин долго време. Откако му покажале фотографија на жалителот, изјавил дека тоа навистина бил г-динот Гебремедхин, новинар и активист дисидент којшто работел како хонорарен фотограф за весникот Кесте Дебена, и дека тие биле заедно притворени неколку месеци во Затворот Зара. Г-динот Михретаб додал дека жалителот страдал многу и поминал низ бројни маки заради својата инволвираност во кампањите за демократски промени и неговата работа за независниот печат. Со оглед на актуелната состојба во Еритреја и фактот дека жалителот, кој бил држен во Затворот Зара им е познат на властите, несомнено ќе бил уапсен во таа земја. Неговиот живот би бил во опасност и би ризикувал во најмала рака да биде мачен и „да исчезне“ како многу други новинари, дисиденти и активисти.
15. На 8 јули 2005 г. судија за итни барања при Управниот суд во Сержи-Понтоаз издал налог со кој било одбиено барањето на жалителот без да се одржи расправа. Налогот го вели следново:
“...
Членот Л. 521-2 од Законот за управни судови го вели следново: ‘Кога е поднесено такво барање до него или неа како итно прашање, судијата за итни барања може да наложи секакви мерки кои може да се потребни за заштита на основната слобода која била прекршена на сериозен и очигледно незаконски начин од јавен орган или организација која согласно приватното право е одговорна за управување со јавна услуга при извршувањето на своите овластувања. Судијата за итни барања ќе одлучи во рок од четириесет и осум часа.’ Членот Л. 522-1 од истиот Закон уредува: „Судијата за итни барања ќе усвои одлука после писмена или усна акузаторна постапка. Кога судијата ќе побара да се наложат мерките на кои се упатува во членовите Л. 521-1 и Л. 521-2, да се изменат и дополнат или да се укинат, тој или таа ќе ги информира страните без одлагање за датумот и времето за јавната расправа ...’ Конечно, членот Л. 522-3 од истиот Закон уредува: ‘Кога барањето не е итно или кога е јасно од разгледувањето на барањето дека не потпаѓа под јуриздикцијата на управните судови, тоа е недопуштено или неосновано, судијата за итни барања може да го одбие со образложен налог, без да ги примени првите два става од членот Л. 522-1.’
Членот Л. 221-1 од Законот за имиграција и азил во меѓувреме го вели следново: ‘Еден странец кој доаѓа во Франција по ... воздушен пат или кому (а) не му е дадена дозвола да стапне на француска територија или (б) кој ќе поднесе барање за азил може да се држи во зоната за чекање што се наоѓа на ... аеродромот, онолку време колку што е стриктно неопходно за да се организира неговото заминување, а ако е барател на азил, да се истражи дали неговото барање е очигледно неосновано ...’ Членот 12 од Указот од 27 мај 1982 г. со измените и дополнувањата вели: ‘Кога еден странец на граница поднесува барање за азил, одлука со која се одбива да му/и се дозволи да влезе во Франција може да донесе само министерот за внатрешни работи, откако ќе се консултира со Француската агенција за заштита на бегалци и лица без државјанство.’
Документите во досието покажуваат дека Асебеха Габерамадхиен, еритрејски државјанин, пристигнал во Франција со авион и на 1 јули 2005 г. побарал дозвола да влезе во земјата како барател на азил. Во согласност со одредбите од членот Л. 221-1 од Законот за имиграција и азил, цитиран горе, г-динот Габерамадхиен бил држен во зоната за чекање додека неговото барање за азил било разгледувано. По консултирањето на Француската агенција за заштита на бегалците и лицата без државјанство на 5 јули 2005 г., министерот за внатрешни работи и регионален развој со оспорената одлука од 6 јули 2005 г. не му дозволил на г-динот Асебеха Габерамадхиен да влезе во Франција по основ дека неговото барање за азил било очигледно неосновано.
Точно е дека правото на азил и неговата последица, правото да побара бегалски статус и соодветно на тоа да остане во Франција во времето потребно за барањето за азил да биде разгледано, претставува основна слобода за странците и дека во итни случаи судија за итни барања може да наложи секаква мерка која е неопходна за заштита на слободата по основ на гореспоменатите одредби од членот Л. 512-2 од Законот за управни судови, кога управните власти при извршувањето на своите овластувања го прекршиле на сериозен и очигледно незаконски начин. Меѓутоа, таквото прекршување не може да резултира исклучиво од фактот дека, во согласност со членот Л. 221-1 од Законот за имиграција и азил, министерот за внатрешни работи лично одлучил по барањето за азил, во овој случај во форма на одлуката од 6 јули 2005 г., со оглед дека согласно членот Л. 711-1 од истиот Закон француската Агенција за заштита на бегалците и лицата без државјанство може да ги разгледа само барањата за бегалски статус на странци на кои им била дадена дозвола да влезат во земјата. Исто така нема ништо во досието за случајот што би сугерирало дека одбивањето да му се додели на г-динот Асебеха Габерамадхиен дозвола за влез во земјата – на сметка на очигледно неоснованата природа на неговото барање за азил – била очигледно незаконско. Особено со оглед дека жалителот не обезбедил доволно и поткрепени детали за својот идентитет, својата наводна професионална работа како камерман и фотограф во неговата земја на потекло, прогонот за кој тврдел дека се случил и причините за истиот, или ризиците на кои реално би наишол доколку се врател во својата земја на потекло или во Судан, каде што последен пат престојувал, или некакви prima facie докази кои можат да ги поткрепат тие ризици или за менување на проценката на министерот за внатрешни работи во однос на барањето на азил. Единствените документи обезбедени од г-динот Габерамадхиен, имено сведочењето на новинар кој е бегалец во САД, кое содржи многу малку детали, и писмо од Новинари без граници, не се доволни за да се утврди дека ќе бил лично соочен со ризик доколку се врател во сопствената земја или во Судан.
Од сите горенаведени размислувања следи дека за одлуката од 6 јули 2005 г. на министерот за внатрешни работи и регионален развој со која му се одбива барањето на г-динот Асебеха Габерамадхиен за дозвола за влез во Франција како барател на азил не може да се каже дека го повредила неговото право да побара бегалски статус на сериозен и очигледно незаконски начин за да оправда наложување на мерки согласно членот Л. 521-2 од Законот за управни судови. Последователно, и во согласно со гореспоменатите одредби од членот Л. 522-3 од Законот за управните судови, барањето на жалителот мора да биде отфрлено како очигледно неосновано ...“
16. На 7 јули 2005 г. жалителот бил однесен до еритрејската амбасада во придружба на полициски службеници. Жалителот тврдеше дека властите го претставиле неговиот приказ на настаните во врска со неговото барање за азил – давајќи детали од околностите под кои избегал и имињата на лицата кои му помогнале – пред еритрејската амбасадорка. Амбасадорката силно вербално го нападнала на сопствениот јазик и одбила да го признае како државјанин на Еритреја и да му издаде патен документ.
Владата отфрлила дека приказот на настаните на жалителот и биле претставени на амбасадорката или дека таа изразила определено мислење во таа прилика за тоа дали на жалителот требало да му се издаде патен документ (таа не ги известила француските власти за својот став во однос на прашањето до 15 јули 2005 г.).
17. Во одлука од 20 јули 2005 г. “со оглед [меѓу другите работи земени во предвид] на барањето од Европскиот суд за човекови права согласно правилото 39 од неговиот Деловникот за суспендирање на враќањето на жалителот до 30 август 2005 г. Министерството за внатрешни работи на жалителот му одобрило дозвола за влез во Франција. Истовремено на жалителот му бил издаден документ за безбедно владение кој важел осум дена – кој исто така се однесувал на привремена мерка упатена до тужената Влада согласно правилото 39 – за да му се овозможи да се пријави во префектурата и да побара привремена дозвола за престој како барател на азил. Со помош на Националното здружение за помош на странци на границите (ANAFÉ – невладина организација составена од дваесет здруженија и синдикати) и Новинарите без граници, тој се стекнал со едномесечна дозвола за престој од Париската префектура на 26 јули 2005 г., под услов да поднесе барање за азил до ОФПРА (како што и постапил).
18. Како што е наведено горе, одлуката за жалителот да се држи во зоната за чекање четириесет и осум часа била донесена од управен орган на 1 јули 2005 г. во 11 часот наутро (види во параграф 11 горе). Мерката била продолжена за дополнителни четириесет и осум часа на 3 јули.
На 5 јули 2005 г. судијата за слободи и притвор (juge des libertés et de la détention) од високиот судот во Бобињи (tribunal de grande instance) – пред кој се појавил жалителот, со помош на адвокат и толкувач – овластил жалителот да се држи дополнителни осум дена, со налог во кој се дадени следниве причини:
„Барањето на г-динот Габерамадхиен за политички азил се разгледува. Тој треба и понатаму да се задржи во зоната за чекање.“
На 13 јули 2005 г. истиот судија – пред кој жалителот повторно се појавил, повторно со помош – дозволил жалителот да се задржи во зоната за чекање дополнителни осум дена со налог во кој се дадени следниве причини:
„Барањето на азил било одбиено на 6 јули 2005 г. Г-динот Габерамадхиен нема пасош. Тој бил однесен во еритрејската амбасада на 7 јули 2005 г., и властите чекаат да му биде издаден патен документ. Тој треба и понатаму да се задржи во зоната за чекање.“
19. Со одлука од 11 август 2005 г. по поднесувањето на жалба од страна на жалителот на 18 јули 2005 г. против налогот од 8 јули 2005 г., Советот на државата (Conseil d’Etat) во овие услови одлучил дека е непотребно да се донесе одлука:
“...
... Г-динот Асебеха Габерамадхиен ... поднел жалба до Европскиот суд за човекови права, кој со одлука од 15 јули 2005 г. на француските власти согласно правилото 39 од Деловникот на Судот им посочил дека е ‘пожелно, во интерес на странките и заради соодветно спроведување на постапката пред него, да не го врати жалителот во Еритреја пред полноќ на 30 август 2005 г.’. Како одговор на тоа барање министерот, во одлука од 20 јули 2005 г. донесена по поднесувањето на оваа жалба, му дозволил на г-динот Габерамадхиен да влезе во Франција, со што му било овозможено да поднесе барање за азил. Жалителот го сторил тоа, и на 26 јули 2005 г. му била издадена привремена дозвола за престој. На тој начин спроведената мерка имала исти последици како и мерката барана во барањето до судијата за итни барања, која по дефиниција била привремена. Во дадените околности, аргументите изнесени во жалбата на г-динот Габерамадхиен против налогот со кој било одбиено неговото барање биле лишени од секаква цел.
...”
20. Со одлука од 7 ноември 2005 г. врачена на 9 ноември 2005 г., ОФПРА на жалителот му доделила бегалски статус. Како резултат на тоа од тој момент натаму членот 33 од Женевската конвенција од 28 јули 1951 г. во врска со статусот на бегалците дејствувал како забрана за протерувањето на жалителот во неговата земја на потекло. Владата обезбедила меморандум од заменикот шеф на Одделението за правни и меѓународни работи при ОФПРА во кој се потврдува ова. Во меморандумот се вели дека „Агенцијата затоа сметаше, со оглед на работите што ги зеде во предвид меѓу другото, на нечовечките услови на затворот на кои [жалителот] веќе бил изложен во својата земја на потекло, дека неговото враќање во Еритреја би значело ризик тој да биде гонет во рамките на значењето на Женевската конвенција“.
21. Жалителот изјави дека за време на неговиот престој во зоната за чекање на Аеродромот во Роаси, властите пропуштиле да извршат лекарски преглед со кој ќе можело да се утврди дали неговите лузни и повреди биле резултат на малтретирање. Меѓутоа тој во неколку прилики (на 6, 7, 11 и 12 јули 2005 г.) имал можност да се сретне со вработен од АНАФЕ во канцеларијата на организацијата во зоната за чекање на аеродромот. На 15 јули 2005 г. АНАФЕ изготвиле писмена изјава (дадена од жалителот) потврдувајќи дека вработениот во прашање, во текот на нејзиниот разговор со него во најмала мерка забележала траги од изгореници по неговите раце. Во изјавата исто така се велело дека таа забележала и „длабнатина на долниот дел од грбот [на жалителот], за која тој објаснил дека ја добил кога бил мачен во логорот Зара. Тој и ја покажал позицијата во која бил присилен да седи додека бил притворен таму, легнат со лицето надолу и со нозете и рацете врзани одзади“. Жалителот исто така поднел изјава напишана на истиот ден од самата службеничка. Исто така, наводно по совет на АНАФЕ, жалителот бил прегледан на 17 јули 2005 г. од страна на д-р Лам од медицинската единица на Болницата Робер Баланже во Роаси кој му издал лекарска потврда во која се велело дека на жалителот не му било потребно некакво посебно медицинско лечење, но забележал постоење на „стари лузни на левата рака и десното и левото колено“.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Право на азил
22. Четвртиот став од Преамбулата кон францускиот Устав го вели следново:
„Секое лице обвинето заради неговата или нејзината дејност за унапредување на слободата ќе има право на азил во рамките на териториите на Републиката.
Советот на државата (Conseil d’Etat) пресуди дека уставното право на азил е основна слобода и како своја последица го има правото да се поднесе барање за бегалски статус. Ова значи дека странците кои бараат бегалски статус се овластени во принцип да останат на француска почва во исчекување на одлуката во однос на нивното барање. Советот на државата (Conseil d’Etat) исто така посочи дека само доколку барањето за азил е „очигледно неосновано“ (види во параграф 23 долу) министерот за внатрешни работи може да одбие да дозволи влез во земјата откако ќе ја консултира француската Агенција за заштита на бегалците и лица без државјанство (ОФПРА) (види, на пример, Ministry of the Interior v. Mbizi Mpassi Gallis, order of 24 October 2005).
23. Согласно условите од Законот за имиграција и азил:
Член Л. 711-1
„Бегалски статус ќе му се додели на секое лице кое е подложено на прогон заради своите активности за унапредување на слободата и на секое лице на кое Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци го применува својот мандат согласно условите од членовите 6 и 7 од нејзиниот Статут усвоен од Генералното собрание на Обединетите нации на 14 декември 1950 г., или коешто ги исполнува критериумите поставени во членот 1 од Женевската конвенција од 28 јули 1951 г. за статусот на бегалците. Таквите лица ќе се водат од важечките одредби во врска со бегалците поставени во гореспоменетата Женевска конвенција.“
Член Л. 712-1
„Предмет на одредбите од членот Л. 712-2, супсидијарна заштита ќе се обезбеди за лица кои не ги исполнуваат критериумите за стекнување на бегалскиот статус на кој се упатува во членот Л. 711-1 туку кој демонстрира дека тие би биле изложени на следниве сериозни закани во нивната земја:
(а) смртна казна;
(б) мачење или нечовечно или понижувачко постапување или казнување;
(в) во случајот на цивили, сериозна, непосредна и индивидуална закана по нивниот живот или лична безбедност заради широко распространето насилство во услови на домашен или меѓународен вооружен конфликт.“
Член Л. 713-2
„Прогонот што се зема во предвид при доделувањето на бегалски статус и сериозните закани кои можат да резултираат со доделување на супсидијарна заштита може да произлезе од државните власти, партии и организации кои ја контролираат државата или значителен дел од територијата на државата, или од недржавни агенти во случаите каде властите дефинирани во следниов став не се волни или способни да обезбедат заштита.
Властите кои се во позиција да обезбедат заштита можат да бидат државни власти или меѓународни и регионални организации.“
Член Л. 713-3
„На лица кои имаат пристап до заштита на дел од територијата од нивната земја на потекло може да им се одбие барањето за азил доколку немаат причина да се плашат од прогон или сериозна закана и доколку е разумно да се смета дека можат да останат во тој дел од земјата. Ќе се земат во вид сите услови кои доминираат во тој дел од земјата и на личната ситуација на барателот и на оној што го врши прогонот во времето кога се одлучува по барањето на азил.
24. Согласно условите од членот 1 А (2) од Женевската конвенција од 28 јули 1951 г. (ратификувана од Франција на 23 јуни 1954 г.) и членот 1 од Протоколот од Њујорк од 31 јануари 1967 г. во врска со статусот на бегалците (кон кој Франција пристапи на 3 февруари 1971 г.), „бегалец“ е секое лице кое „заради добро основан страв од прогон заради раса, религија, националност, членство на одредена социјална група или политичко мислење, е надвор од земјата чиј државјанин е и не е во можност или заради таков страв, не сака да се подложи на заштитата на таа земја; или кој заради тоа што нема државјанство или ако е надвор од земјата на своето претходно вообичаено место на живеење како резултат од таквите настани, не може или заради таквиот страв не сака да се врати таму“. Членот 33 од Женевската конвенција го вели следново:
Член 33 – Забрана за протерување или враќање („refoulement“)
„1. Ниедна држава-договорничка на никаков начин нема да протера или да врати (‘refouler’) бегалец на границите на териториите каде неговиот живот или слобода би биле загрозени заради неговата раса, вера, националност, членство во одредена општествена група или политичко мислење.“
...”
Б. Постапка за барање азил на граница и држење лица во зоната за чекање
1. Постапка за барање азил на граница
25. Целта на постапката за барање на азил на границата е да им даде или да одбие да им даде дозвола за влез во Франција на странци кои пристигаат на границата по воздушен пат без потребни документи и бараат дозвола за влез во земјата како баратели на азил. Постапката потпаѓа под сферата на надлежност на Министерството за внатрешни работи за што е потребна одлука дали да се даде или не дозвола за влез по консултирањето на ОФПРА (декрет од 21 јули 2004 г. со кој ќе се измени и дополни членот 12 од декретот од 27 мај 1982 г.).
26. Членот Л. 221-1 од Законот за имиграција и азил вели „еден странец кој доаѓа во Франција по железнички, поморски или воздушен пат и кому (а) му е одбиено да стапне на француска територија или (б) кој поднесува барање за азил може да се држи во зоната за чекање ... онолку време колку што е стриктно неопходно за да се организира неговото заминување, а ако е барател на азил, да се истражи дали неговото барање е очигледно неосновано“.
Владата посочи дека критериумите кои се применуваа за проценка дали барањата за азил поднесени на границата биле или не „очигледно неосновани“ биле засновани врз содржаната во решенијата усвоени од страна на министрите одговорни за имиграција на земјите членки на Европските заедници, кои се состанале во Лондон на 30 ноември и 1 декември 1992 г. и на искуството и праксата на ОФПРА. Критериумите биле следниве: „основите за барањето не се поврзани со азил (економска основа, чисто лична погодност, итн.); барањето се заснова на намерна измама (жалителот очигледно дава лажни информации за своето државјанство, дава погрешни изјави, и сл.); изјавите на жалителот немаат никаква суштина, не содржат никакви лични информации или не обезбедуваат доволно детали; жалителот упатува на општа ситуација на немири или небезбедност без да се обезбеди докази во врска со неговата лична состојба; неговите изјави во самата основа се недоследни или неверојатни или содржат големи контрадикторности, со што го лишуваат неговиот приказ од веродостојност.“ Во една пресуда усвоена на пленарна сесија на 18 декември 1996 г. во случајот на Рожер, Советот на државата одлучи дека горенаведените решенија немале законска последица и затоа на нив не можело да се потпира при проценувањето дали барањето за азил било „очигледно неосновано“.
27. Странците кои поднесуваат барање за азил на границата можат да го сторат тоа при пристигнување или во секое време додека се во зоната за чекање. Барањето треба да се достави до граничната полиција, која прави извештај за барањето за азил и го испраќа документот до Министерството за внатрешни работи. Сите баратели се интервјуираат од страна на службено лице од граничната канцеларија на ОФПРА за азил за да се утврдат причините за барањето. Канцеларијата му испраќа на Министерството за внатрешни работи писмена препорака во која го дава своето мислење за тоа дали барањето е очигледно неосновано или не. Министерството потоа одлучува дали да му даде на барателот дозвола за влез во Франција или не.
Доколку се даде дозвола за влез, граничната полиција издава потврда за безбедно владение со која на засегнатото лице му се дава рок од осум дена за кое време треба да поднесе барање за азил согласно постапката на обичното право.
Доколку влезот е одбиен засегнатото лице веднаш се враќа во неговата или нејзината земја на потекло или земјата од каде дошол.
28. Што се однесува на сите управни одлуки, барањето може да се упати до управниот суд од кој се бара да ја стави во мирување одлуката со која се одбива да се дозволи влез. Барањето нема суспендирачка последица.
„Итно барање за одлагање на извршувањето“ (référé suspension) или „итно барање за налог за заштита на интересите на жалителот“ (référé injonction) (исто така познато како „итно барање за заштита на основната слобода“ (référé liberté)) – од кои ниедно нема суспендирачка последица – исто така може да се направи согласно членовите Л. 521-1 и Л. 521-2 од Законот за управните судови, кои уредуваат:
Член Л. 521-1
„Кога се поднесува барање за да се одложи извршувањето или за да се измени управна одлука, вклучувајќи и одбивање, судијата за итни барања може да нареди извршувањето на одлуката или одредени нејзини ефекти да бидат одложени кога итната природа на нештата го бара тоа и кога се посочени основи кои што можат да покренат сериозни сомнежи, со оглед на доказите, за законитоста на одлуката.
Кога се дава налог за одлагање на извршувањето, ќе се донесе одлука колку што е можно побрзо за барањето да се стави во мирување или измени одлуката. Одолжувањето на извршувањето ќе заврши најдоцна кога ќе се одлучи по барањето одлуката да се стави во мирување или да се измени.“
Член Л. 521-2
„Кога е поднесено такво барање до него или неа како итно прашање, судијата за итни барања може да наложи секакви мерки кои може да се потребни за заштита на основната слобода која била прекршена на сериозен и очигледно незаконски начин од јавен орган или организација која согласно приватното право е одговорна за управување со јавна услуга во извршувањето на своите овластувања. Судијата за итни барања треба да одлучи во рок од четириесет и осум часа.’
Членот Л. 522-1 од Законот вели дека судијата за итни барање мора во принцип да одлучи после писмена или усна акузаторна постапка. Кога од судијата се бара да наложи мерки на кои е упатено во членовите Л. 521-1 и Л. 521-2 или за да се изменат или прекинат таквите мерки, тој мора да ги информира страните без одлагања за датумот и времето на јавната расправа. Меѓутоа, членот Л. 522-3 уредува за постапка за „филтрирање“ која дозволува судијата за итна постапка едноставно по пат на давање на образложение да го одбие барањето без да побара од странките да се појават или да се одржи акузаторна расправа, доколку прашањето не е од итна природа или ако „е јасно од разгледувањето на барањето дека не потпаѓа под јуриздикцијата на управниот суд, не е допуштено или е неосновано“.
Жалба може да се поднесе до Советот на државата во рок од петнаесет дена по приемот на одлуката. Советот на државата мора да одлучи во рок од четириесет и осум часа.
Советот на државата има појаснето дека поимот „основна слобода“ во рамките на значењето на членот Л. 521-2 од Законот за управните судови „опфаќа, во случајот на оние што не се државјани а кои се предмет на одредени мерки кои владеат со нивниот влез и престој во Франција и кои затоа за разлика од француските државјани немаат слободен влез во земјата, уставно право на азил и неговата последица, право да поднесат барање за бегалски статус, чие доделување е одлучувачко за тие лица да ги уживаат слободите кои ги уживаат оние што не се државјани генерално“ (налог од 12 јануари 2001 г. од судијата за итни барања во случајот на Хиакинте; исто така види го налогот од 24 октомври 2005 г. во случајот на Мбизи Мпаси Галис).
Во согласност со принципите на француското управно право, едно итно барање, како и секое друго барање до судовите, не резултира со итно суспендирање на административната одлука. Меѓутоа, Владата изјави дека „во многу општа смисла, кога управниот орган [бил] свесен дека итното барање било упатено до управни судови, тој ја суспендира(л) мерката со која се одбивал азил сè додека судијата да пресуди“.
2. Држење на едно лице во зоната за чекање
29. Првичната одлука да се држи едно лице во зоната за чекање ја носи управен орган на писмено и со образложение, во рок кој не надминува четириесет и осум часа. Мерката може да биде продолжена еднаш по истиот основ и за исто време (член Л. 221-3 од Законот за имиграција и азил). Судијата за слободи и притвор интервенира за првпат после четири дена со цел да одлучи дали да се продолжи или не мерката до максимумот од осум дена. Тој или таа интервенира повторно на крајот од тој период за да одлучи дали вонредно продолжување на дополнителен максимален период од осум дена треба да биде дозволен (членот Л. 222-1 и Л. 222-2).
Затоа во принцип максималниот период за кој едно лице може да се држи во зоната за чекање е дваесет дена. Меѓутоа во вонредни случаи доколку барање за азил се поднесе меѓу шеснаесеттиот и дваесеттиот ден, судијата за слободи и притвор може да нареди продолжување од четири дена од датумот на барањето (членот Л. 222-2).
Судијата за слободи и притвор одлучува во форма на налог по сослушување на доказите од засегнатото лице, во присуство на неговиот или нејзиниот адвокат доколку тој или таа има адвокат, или откако вториов бил навремено информиран. Судијата може да наложи продолжување на мерката или може да го одбие барањето за продолжување и било да го ослободи лицето во прашање или да го стави во домашен притвор. Судијата има дискреционо право да одлучи по барањето за продолжување поднесено од управните органи и може да ги отфрли основите поднесени од властите за барањето и да го одбие соодветно на тоа (Судот за касација има посочено дека да се држи едно лице во зоната за чекање „претставува е само една опција достапна на судијата“; Судот за касација, Вториот граѓански сектор, 8 јули 2004). Нормално, одлуката се носи јавно (членот Л. 222-4). Жалбата против таквата одлука се поднесува до претседателот на Апелациониот суд или неговиот или нејзиниот делегат, кој мора да одлучи во рок од четириесет и осум часа (членот Л. 222-6).
30. Странци што се држат во зоната за чекање мора да бидат информирани колку што е можно поскоро дека можат да побараат помош од толкувач или лекар, можат да разговараат со адвокат или некое друго лице по нивен избор и можат да ја напуштат зоната за чекање во секое време кон дестинација надвор од Франција. Оваа информација мора да им биде пренесена на јазик што тие го разбираат (членот Л. 221-3).
Странецот може да побара судијата да назначи адвокат кој ќе го/ја претставува (член Л. 222-4). Државата го плаќа хонорарот на адвокатот и на толкувачите назначени за да му помогнат на странецот за време на судската постапка во врска со неговото или нејзиното држење во зоната за чекање (член Л. 222-7).
Државниот адвокат, по истекувањето на првите четири дена, и судијата за слободи и притвор можат да ја посетат зоната за чекање за да ги проверат условите во кои засегнатото лице се држи. Државниот адвокат може да ги посети зоните за чекање секогаш кога смета дека такво нешто е потребно, а мора да го направи тоа најмалку еднаш годишно. Француската делегација при Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР), како и некои хуманитарни здруженија имаат пристап до зоната за чекање како што е уредено со Указот бр. 95-507 од 2 мај 1995 г. со измените и дополнувањата. Тие особено можат да разговараат во доверба со барател на азилот што се држи таму (член Л. 221-1 et seq. од Законот за имиграција и азил). Владата го информираше Судот дека во согласност со договор склучен меѓу државата и АНАФЕ вториве имаат право да бидат присутни нон-стоп за да им обезбедат правна помош на странците; Црвениот крст исто така бил на располагање за да обезбеди хуманитарна помош (исто така според условите на договор).
В. Поднесување и разгледување на барање за азил и жалби
31. ОФПРА, јавна агенција со правна личност и финансиска и административна автономија под Министерството за надворешни работи (член Л. 721-1 од Законот за имиграција и азил) е органот одговорен за доделување на бегалски статус и супсидијарна заштита (членовите Л. 721-1 и Л. 721-2).
Барател на азил мора да се пријави во префектурата за да добие дозвола за привремен престој (autorisation provisoire de séjour) која важи еден месец и да пополни формулар за барање за азил. Откако ќе го добие досието, ОФПРА на барател на азил му испраќа „писмо за евидентирање“ кое му/и овозможува меѓу другото да добие признаница за приемот на барањето за азил. Истото важи три месеци и може да се обновува до моментот кога ќе биде донесена одлука од ОФПРА и, како што и може да се случи, од Одборот за жалби на бегалци.
ОФПРА ја носи одлуката после постапката за проверка за кое време барател на азил добива можност да поднесе докази за да го поткрепи своето тврдење, а по правило откако ќе го сослуша барател на азилот (членовите Л. 723-2 и Л. 723-3).
32. Одлука од ОФПРА со која се одбива барањето, донесена согласно членовите Л. 711-1 и Л. 712-1 може да биде обжалена во рок од еден месец пред Одборот за жалби на бегалци (член Л. 731-2), управен суд со претседател којшто е член на Советот на државата и е назначен од потпретседателот на истиот (член Л. 731-2). Засегнатите лица можат да го претстават случајот пред Одборот за жалби и да бидат помогнати од адвокат и толкувач (член Л. 733-1).
Начелно, оваа жалба има суспендирачка последица и дозволата за привремен престој се обновува додека Одборот не одлучи (член 9 од Законот за азил од 25 јули 1952 г.). Во врска со ова Членот Л. 742-3 од Законот за имиграција и азил го вели следново:
„Странците на кои им е дадена дозвола за влез во Франција ќе имаат право да останат додека да им биде врачена одлука од ОФПРА или кога е поднесена жалба додека Одборот за жалби не донесе одлука. Тие ќе имаат еден месец од датумот на врачување на одлуката да не ја продолжуваат или повлечат својата дозвола за престој кога ќе можат да ја напуштат француската територија по сопствена волја“
Советот на државата исто така има утврдено начело со кое странците кои бараат бегалски статус имаат право да останат во земјата привремено додека не се одлучи по нивната жалба под услов жалбата да не е неоснована или поднесена со неоправдано доцнење (пленарна сесија на Советот на државата, 13 декември 1991, М.Н.).
33. Жалба по прашања од законот против одлуката на Одборот за жалби на бегалци може да се поднесе до Советот на државата во рок од два месеци. Меѓутоа таквата жалба нема суспендирачка последица (Совет на државата, 6 март 1991 г., М.Д.).
34. Странец чие барање за бегалски статус или за супсидијарна заштита е предмет на правосилно одбивање и кому не му е одобрено да остане во Франција по ниеден основ мора да ја напушти земјата или да биде вратен (член Л. 742-7 од Законот). Странци соочени со враќање можат, во рок од четириесет и осум часа откако ќе го добијат налогот за нивно враќање (ако е врачен по административен пат) или во рок од седум дена (ако е врачен по пошта) да поднесат жалба до претседателот на Управниот суд за да го стави налогот во мирување. Претседателот или негов или нејзин делегат мора да одлучи по барањето во рок од седумдесет и два часа (член Л. 512-2 од Законот). Налогот може да не биде спроведен пред да истечат овие временски рокови или кога барањето е поднесено до претседателот на Управниот суд или неговиот или нејзиниот делегат додека тој или таа не одлучи (член Л. 512-3). Жалба против пресудата на претседателот на Управниот суд или неговиот или нејзиниот делегат може да се достави во рок од еден месец до претседателот на Судскиот оддел на Советот на државата или до член на Советот на државата кому тој или таа му ги делегирала своите овластувања; таквата жалба нема суспендирачка последица (член Л. 512-5 од Законот).
35. Согласно членот Л. 742-6 од Законот, доколку засегнатото лице добие бегалски статус или супсидијарна заштита, управниот орган мора да укине секаков налог издаден за негово или нејзино враќање. Во случајот на бегалци, мора веднаш да се издаде дозвола за престој предвидена со членот Л. 314-11, точка 8 (важи десет години и автоматски се обновува); во случајот на лица кои добиле супсидијарна заштита веднаш може да се издаде дозвола за привремен престој предвидена во членот Л. 313-13 (со важност од една година, обновлива).
III. ПРЕГЛЕД НА АКТИВНОСТИТЕ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА
А. Комитетот на министри
36. На 18 септември 1998 г. Комитетот на министри ја усвои Препораката бр. Р (98) 13 за правото на одбиен барател на азил на делотворен правен лек против одлуки за протерување во контекст на членот 3 од Европската конвенција за човекови права во која ги повикува земјите членки да ги обезбедат следниве гаранции да бидат почитувани во рамките на нивното законодавство или пракса:
„1. Да му се обезбеди делотворен правен лек пред национален орган на барателот на азилот, чие барање за бегалски статус му било одбиено и кој е предмет на протерување во земја за која тоа лице претставило основано тврдење дека тој или таа би бил подложен на мачење или нечовечно или понижувачко постапување или казна.
2. При примената на ставот 1 од оваа препорака, еден правен лек пред националниот орган се смета за делотворен кога:
2.1. органот е судски; или доколку е квази судски или управен органи, јасно е идентификуван или составен од членови кои се непристрасни и кои уживаат заштити за независност;
2.2. органот е надлежен да одлучува и за постоењето на услови кои се предвидени со членот 3 од Конвенцијата и да дава соодветна помош;
2.3. правен лек е достапен за одбиените баратели на азил; и
2.4. извршувањето на налогот за протерување е суспендирано до носењето на одлука согласно 2.2.“
На 4 мај 2005 г. Комитетот на министри ги усвои „Дваесетте насоки за присилено враќање“. Насоката 5 го вели следново:
„Насока 5. Правен лек против налог за напуштање
1. Во налогот за напуштање или во процесот кој води кон налог за напуштање предметот на налогот за напуштање ќе добие делотворен правен лек пред надлежен орган или тело составено од членови кои се непристрасни или кои уживаат заштита на независноста. Надлежниот орган или тело треба да има овластување да го разгледа налогот за напуштање, вклучувајќи ја и можноста за привремено суспендирање на неговото извршување.
2. Правниот лек ќе ги понуди потребните процедурални гаранции и ќе ги претстави следниве карактеристики:
- временските ограничувања за постоечкиот правен лек да не бидат неразумно кратки;
- правниот лек да биде достапен, што особено значи дека кога предметот на налогот за напуштање нема доволно средства за да ја плати потребната законска помош, нему или неа треба да му се обезбеди истата бесплатно согласно релевантните национални правила кои ја регулираат правната помош;
- кога оној што се враќа тврди дека отстранувањето ќе резултира со повреда на неговите или нејзините човекови права како што се дадени во Насоката 2.1., правниот лек ќе обезбеди ригорозна проверка на таквото тврдење.
3. Примената на правниот лек треба да има суспендирачка последица кога лицето што се враќа има основано тврдење дека тој или таа ќе биде подложено на постапување спротивно на неговите или нејзините човекови права како што се дадени во Насоката 2.1. [вистински ризик од егзекуција или да биде изложен/а на мачење или нечовечно постапување или казнување; реален ризик да биде убиен/а или подложен/а на нечовечно или понижувачко постапување од лица кои не ја претставуваат државата, доколку властите на државата во која се враќа, партии или организации кои ја контролираат државата или значителен дел од територијата на државата, вклучително меѓународни организации не се во можност или не сакаат да обезбедат соодветна и делотворна заштита; друга ситуација што согласно меѓународното право или националното законодавство би оправдало давање на меѓународна заштита].“
Б. Парламентарното собрание
37. Уште на 12 април 1994 г. Парламентарното Собрание ја усвои Препораката 1236 (1994) за правото на азил, во која тие препорачуваат Комитетот на министри да инсистира процедурите за азил да уредат „додека се обработуваат жалбите, барателите на азил да не можат да бидат депортирани“. Во Препораката 1327 (1997) за заштитата и зајакнувањето на човековите права на бегалците и барателите на азил во Европа, усвоена на 24 април 1997 г. Комитетот на министри беше повикан „да апелира до земјите членки ... во своите законодавства да обезбедат секоја судска жалба да има суспендирачки последици“.
Во својата Резолуција 1471 (2005) за забрзани постапки за азил во земјите членки на Советот на Европа усвоена на 7 октомври 2005 г. Парламентарното Собрание нагласи особено дека „потребата за државите да ги обработат барањата за азил на брз и делотворен начин мора ... да се мери наспроти обврската за обезбедување на пристап до правична постапка за утврдување на азил за оние на кои им е потребна меѓународна заштита“. Посочено е дека ова „балансирање на интересите“ „во никакви околности не значи дека државите можат да прават компромис во однос на меѓународните обврски, вклучително Женевската конвенција од 1951 г. во врска со статусот на бегалците ... и нејзиниот Протокол од 1967 г. и Европската конвенција за човекови права од 1950 г. ... и нејзините Протоколи“.
Во таа Резолуција, Парламентарното собрание ги повика властите на земјите членки на Советот на Европа да ги преземат следниве мерки (меѓу другите):
“...
8.4. што се однесува до барателите на граница, да:
8.4.1. обезбедат, во согласност со принципот на недискриминација, сите баратели на азил да бидат евидентирани на границата и да им се даде можност за поднесување на барање за бегалски статус;
8.4.2 овозможат сите баратели на азил, било на границата или во земјата, да имаат корист од истите принципи и гаранции во смисла на нивното барање за бегалски статус;
8.4.3. обезбедат усвојување на јасни и обврзувачки насоки за постапување со барателите на азил на граничните премини, во согласност со меѓународните човекови права и бегалското право и стандарди;
8.5. што се однесува до правото на жалба со суспендирачка последица: да обезбедат правото на делотворен правен лек согласно членот 13 од Европската конвенција за човекови права да е почитувано, вклучувајќи го и правото да се поднесе жалба против негативна одлука и правото да се суспендира извршувањето на мерката додека националните власти ја испитуваат нивната компатибилност со Европската конвенција за човекови права;
...”
В. Комесарот за човекови права
38. Комесарот за човекови права издаде препорака во врска со правата на странците кои сакаат да влезат во земја членка на Советот на Европа и извршувањето на наредбите за протерување (CommDH(2001)19). Препораката со датум од 19 септември 2001 г. го нагласува особено следново:
„11. Неопходно е правото на правен лек во рамките на значењето на членот 13 од ЕКЧП не само да биде гарантирано со закон туку исто така да биде обезбедено во пракса кога едно лице тврди дека надлежните власти го пречекориле или има шанса да го пречекорат правото гарантирано од ЕКЧП. Правото на делотворен правен лек мора да биде гарантирано за секој кој сака да го оспори налогот за враќање (refoulement) или протерување. Мора да може да го суспендира извршувањето на налог за протерување, барем онаму каде се тврди пречекорување на членовите 2 или 3 од ЕКЧП.“
ПРАВОТО
I. НАВОДНИ ПОВРЕДИ НА ЧЛЕНОТ 13 ОД КОНВЕНЦИЈАТА РАЗГЛЕДАН ЗАЕДНО СО ЧЛЕНОТ 3
39. Жалителот, којшто се изјасни дека тој би бил соочен со ризик од мачење или нечовечно или понижувачко постапување доколку биде вратен во Еритреја, се жалеше на отсуство на домашен правен лек со суспендирачка последица во однос на одлуките со кои не им се дава дозвола на странци да влезат во земјата и се наредува истите да бидат вратени, без разлика дали биле баратели на азил или не и без разлика на ризиците, наводни или реални. Тој се повика на членот 13 од Конвенцијата разгледан заедно со членот 3, кој уредува:
Член 13
„Секој човек, чии права и слободи признати со оваа Конвенција се нарушени, има право на делотворен правен лек пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност.“
Член 3
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.“
А. Изјаснување на странките
1. Жалителот
40. Жалителот најпрво се изјасни дека според судската пракса на Судот не било неопходно да се воспостави дека имало реална повреда на правата и слободите признати со Конвенцијата за да се жали на повредата на членот 13: правото на делотворен лек било признато на секое лице кое тврдело дека едно од тие права или слободи му било повредено под услов жалбата да била „основана“ согласно Конвенцијата.
Тој понатаму посочи дека во неговиот случај – откако правните лекови во прашање биле искористени и откако комбинација на околности (недостаток на сознание што се однесува до неговото потекло и одбивање од страна на еритрејската амбасада да му издаде патен документ) по што следела привремена мерка посочена од Судот, го спречило неговото отстранување од земјата според планот – француските власти му доделиле бегалски статус и му издале дозвола за престој. Тој забележа дека Судот од ова заклучува во својата одлука за допуштеност дека го изгубил својот статус на „жртва“ што се однесува до членот 3. Меѓутоа, според гледиштето на жалителот, со тоа не било сторено ништо ниту за да се намали основаната природа на жалбата согласно членот 3 ниту да се намали фактот дека лицата кои бараат азил на границата, како што сторил тој, немале достапен „делотворен правен лек“ во рамките на значењето на членот 13 со што се избегнува да биде вратен во земја каде што е соочен со ризик дека ќе е подложен на мачење и нечовечно или понижувачко постапување или казна.
41. Следно, жалителот се изјасни дека според законот само доколку барањето за азил на границата било „очигледно неосновано“ засегнатото лице можело да биде одбиено да добие дозвола за влез и да биде вратено. Меѓутоа во отсуство на ефективно разгледување од судовите, управните власти го применувале овој концепт на несоодветен начин, како што и неговиот случај илустрирал. Тој обезбеди документ од француското Министерство за внатрешни работи насловен „Азил на границата – цифри за 2004 г.“, што покажа дека 92,3% од барањата за азил поднесени на граничните премини во 2004 г. биле прогласени за очигледно неосновано. (Цифрата за 2003 г. била 96,2%; сепак во пракса речиси еден барател на двајца – 48%, или 1,247 лица – добивал дозвола за влез во 2004 г., било затоа што засегнатото лице не добило дозвола да се качи на авион, законската временска рамка за држење на едно лице во зоната за чекање истекла, не можело да се најде лет за враќање, немало каде да се испрати лицето или била издадена наредба во корист на лицето од судијата за слободи и притвор.) Што се однесува на бројот на поволни препораки од ОФПРА во 2005 г., на кои упати Владата – пораст кој треба да се види во контекст, со оглед дека речиси 88% од барањата сепак биле одбиени како „очигледно неосновани“ – ова се должело на промена во начинот на пресметување на соодносот на поволни одлуки и на пристигнувањето на голем број на чеченски и кубански дисиденти на Роаси Аеродромот таа година.
Присиленото и систематско враќање на жалителите во рок од неколку часа откако нивното барање било одбиено како „очигледно неосновано“ било правило. Оттука просечниот престој во зоната за чекање била 1,82 дена и 89% од барањата за азил на границата биле решавани во рок од четири дена или помалку. Жалителот сметал дека „самата структура на системот на судска заштита за барателите на азил на границата [бил] неделотворен и не успеал да ги гарантира основните права“.
42. Што се однесува до начините за обжалување на одлука со која се одбива прием, жалителот се изјасни најпрво дека постапката која вклучувала итно поднесување на барање до претседателот на управниот суд (членовите Л. 521-1 и Л. 521-2 од Законот за управните судови) – што го искористил тој но без успех – била неделотворна бидејќи немала суспендирачка последица и подложела на многу строги услови кои биле строго толкувани (засегнатото лице морало да докаже постоење на сериозна и очигледно незаконска повреда на основната слобода). Францускиот систем во таа насока е сличен на белгискиот систем кој Судот, во Чонка против Белгија (Čonka v. Belgium (no. 51564/99, ECHR 2002‑I)), одлучи дека ги повредувал условите од членот 13 од таа причина. Жалителот понатаму се изјасни дека спротивно на тврдењата на Владата, немало „доследна“ пракса со која властите се воздржувале да го отстранат засегнатото лице додека се чекало на пресудата од страна на судијата за итни барања. Упатувајќи на пресудата во Чонка (цитирана горе, § 83), жалителот додаде дека во случај на таква пракса, која зависела од добрата волја на една страна и можела да заврши во секое време, таа „не била замена за основната процедурална гаранција понудена од правен лек со суспендирачка последица“.
Исто така, судиите на смена во Управниот суд во Сержи-Понтоаз (кој бил најзасегнатиот, со оглед дека барањата за азил на граница речиси исклучиво биле поднесувани на Роаси Аеродромот) помалку или повеќе речиси систематски ја користеле постапката за „филтрирање“ за да ги одбијат барањата како „очигледно неосновани“; ова било демонстрирано со одговорот на итното барање на самиот жалител. Во такви случаи судијата одлучувал без да се одржи јавна или акузаторна расправа и без присуство на засегнатото лице, потпирајќи се исклучиво на документите поднесени од вториов (што најчесто не биле преведени) и на неповолни, стереотипни одлуки од административните власти.
Беше точно дека во 2004 г. судијата за итни барања на Управниот суд на Сержи-Понтоаз дал поволна одлука во 17 од 39 случаи поднесени до него (43,6%). Меѓутоа, доволно е само да се погледнат овие цифри во контекст на 2.548 барања за азил евидентирани во зоните за чекање истата година за да сфатите дека тие не ја отсликувале толку ефективноста на постапката колку одбивањето на правото на барателите на азил во зоните за чекање. Навистина, засегнатите лица честопати биле враќани пред управниот судија да ги извести да присуствуваат на расправата.
Исто така би било нереално да се замисли дека еден странец држен во зоната за чекање додека чека да биде вратен во согласност со правосилна одлука која може да се примени во секое време, кој не мора да значи дека зборува француски и кој нема пристап до правна помош, дека ќе биде во позиција да поднесе барање од ваков вид до управен суд, да поднесе четири копии од истото со препорачано писмо или со негово депонирање во регистарот и да изменаџира така технички сложена постапка. Жалителот бил исклучок во таа смисла бидејќи добил доброволна помош од невладини организации и од адвокат. Дури и под претпоставка дека правен лек од ваков вид би можел да се смета начелно дека е делотворен во рамките на значењето на членот 13, не може да се каже дека бил делотворен во актуелниов случај бидејќи барањето на жалителот било одбиено веднаш и тоа на сумиран начин без да се спроведе детална проверка, истрага, расправа, акузаторна постапка или да се обезбедат и проверат докази.
Единствената можна жалба против одлуката на судијата за итни барања била жалбата по прашања од законот до Советот на државата која немала суспендирачка последица. Таквата жалба можела да се заснова исклучиво на формални или чисто законски основи (што значи дека проценката на фактите од страна на судот во примената на неговото слободно дискреционо право не може да се стави под знак прашање) и била условена од учество на пропишан специјализиран адвокат. Буквално било невозможно за еден барател на азил да добие правна помош бидејќи барателите морале да бидат легални и жители со вообичаено место на живеење во Франција и морале да поднесат ад хок барање на француски проследено со доказ за приходите, а одлуката била носена после неколку месеци. Овде повторно жалителот бил исклучок бидејќи добил бесплатна помош од специјализиран адвокат благодарение на интервенцијата на неговиот адвокат првостепено и од АНАФЕ. Во секој случај во првиот степен, Советот на државата не одлучил сè до 11 август 2005 г., односно дури месец дена по поднесувањето на жалбата и било одлучено дека не било потребно да се одлучува.
43. Истото би важело доколку жалителот се жалел до управните судови за судска проверка на одлуката со која му била одбиена дозволата за влез и било наредено да ја напушти земјата. Ќе му требале неколку години за да добие одлука по таква жалба и судот најверојатни ќе одлучел, согласно постоечката судска пракса дека повеќе не било неопходно да се одлучува со оглед дека жалителот на крајот му била дадена дозвола за влез во земјата благодарение на привремената мерка наложена на Владата од страна на Судот согласно правилото 39.
44. Жалителот го афирмираше своето уверување дека бил спасен само од околностите, особено со одбивањето од страна на еритрејската амбасадорка – на која француските власти и го презентирале приказот на настаните даден од жалителот поврзани со неговото барање за азил, со што станал уште поранлив на одмазнички мерки доколку бил вратен во Еритреја – да му издаде патен документ и пред сè со примена на правилото 39.
2. Владата
45. Главниот аргумент на Владата беше дека членот 13 од Конвенцијата разгледан заедно со членот 3 не важел во овој случај. Најпрво од 7 ноември 2005 г. (датумот на кој се стекнал со бегалски статус) жалителот повеќе не бил соочен со ризик од депортирање, со резултат дека жалбата согласно членот 3 повеќе не бил „основана“ и повеќе не можел да се потпира на членот 13 во врска со тој член. Второ, Владата тврдеше дека жалителот го изгубил својот статус на жртва со оглед дека членот 13 не можел да биде издвоен од членовите за кои се применувал. Со оглед дека повеќе не можел да тврди дека е жртва на повреда на членот 3, ниту пак можел да тврди дека е жртва на повреда на членот 13 разгледан заедно со тој член.
46. Од своја страна пак Владата се изјасни дека жалбата била неоснована.
47. Тие се изјаснија дека постапката за „итната примена на одлагање на извршувањето на одлуката“ (членот Л. 521-1 од Законот за управни судови) и постапката која вклучува „итна примена за наредба за заштита на интересите на жалителот“ или „итна примена на заштитата на основната слобода“ (членот Л. 521-2 од Законот) овозможиле да се добие одлагање на извршувањето на мерката која подложи да резултира со повредата на членот 3 од Конвенцијата. Упатувајќи особено на пресудата во случајот Соеринг против Обединетото Кралство (Soering v. the United Kingdom (7 July 1989, § 123, Series A no. 161)) и Вилварајах и други против Обединетото Кралство (Vilvarajah and Others v. the United Kingdom (30 October 1991, § 125, Series A no. 215)) Владата додаде дека потребниот правен лек не морал да има автоматска суспендирачка последица: доволно било да има суспендирачка последица „во пракса“. Ваков бил случајот со итните барања до управните судови со оглед дека во пракса властите не спроведувале депортирање додека судијата за итни барања не одлучел.
Владата се изјасни дека жалителот го применил овој правен лек во однос на одлуката со која не му било дозволено да влезе и дека барањето од 7 јули 2005 г. до судија за итни барања резултирало со пресуда следниот ден. Тие сметаа дека случајот на жалителот затоа добил расправа која нудела гаранции за веродостојност и независност кои се бараат од судската пракса на Судот со оглед дека судијата за итни барања ја засновал својата одлука на објективни докази проценети при примената на своето слободно дискреционо право.
48. Владата понатаму изјави дека соодносот на поволни препораки издадени од ОФПРА во врска со барањата поднесени на граничните премини бил 22,2% во 2005 г., односно речиси трипати од стапката на прифатени за таа година согласно постапката со која се барало да им се одобри азил (8,2%). Според нив оваа разлика покажала дека барателите на граница добивале разумен сомнеж. Тие не знаеле за некој случај во кој враќањето на еден странец последователно довело истиот да биде подложен на постапувања спротивни на членот 3 од Конвенцијата или членот 33 од Женевската конвенција.
Одговарајќи на забелешките на АНАФЕ (види долу), Владата додаде дека особено постапката за проверка на барателите на азил на границата последователно била реконструирана со Законот бр. 2003-1176 од 10 декември 2003 г.; затоа стапката од 9,3% на примени баратели на азил на граничните премини во 2004 г. треба да се разгледа во однос на цифрата 22,2% од 2005 г., претходно цитирана. Што се однесува до времето потрошено за проверка на барањата за азил поднесени на границата, ова било објаснето со законските рокови за држење на лица во зоните за чекање. Владата понатаму нагласила дека АНАФЕ во периодот меѓу 1999 и 2005 година открила само шест случаи во кои неповолната препорака издадена на границата последователно била укината, а засегнатото лице добило бегалски статус. Според нив во секој случај било тешко да се направи паралела меѓу постапките за барање на азил на границата и на француска почва со оглед дека донесените одлуки се однесувале на различни случаи Тие немале прецизни статистички податоци во врска со ова, но изјавија дека во 2005 г., ОФПРА издале 2.278 препораки согласно постапката за барање азил на границата.
Б. Забелешки на третата страна која интервенираше, АНАФЕ
49. Забелешките дадени од АНАФЕ – невладина организација посветена на обезбедување на правна и хуманитарна помош за странци со проблеми на француските гранични премини – поврзано со ситуацијата на лицата кои бараат азил на границата. Организацијата најпрво посочи дека знае за неколку случаи (шеснаесет во 2006 г.) во кои странци се соочиле со сериозни проблеми со регистрирање на нивните барања за дозвола за влез во Франција за да бараат азил. Некои морале да чекаат неколку дена во „меѓународната зона“, без храна и спиење на столчиња, додека аеродромската и граничната полиција да се согласат да го разгледаат нивното барање и да им дозволат да влезат во „зоната за чекање“.
АНАФЕ исто така упатуваше на проблеми во комуникацијата на кои наишле барателите на азил на границата кога барале да бидат примени, заради лошиот стандард и несоодветната природа на обезбеденото толкување.
Организацијата понатаму ги коментираше цифрите на барањата за азил на границата објавени од ОФПРА. Бројот на барањата за азил на границата паднал на 57% во 2004 г. и на 9,4% во 2005 г.; 7,7% од барателите добиле дозвола да влезат во земјата во 2004 г. и 22,2% во 2005 г. Според гледиштето на АНАФЕ ова намалување на бројките на лица кои барале азил на границата било резултат на мерките спроведени од Владата за да се спречат странците да дојдат во Франција (со што се прекршува Женевската Конвенција кога засегнатите лица биле бегалци). Како пример на овие мерки, организацијата посочува зголемена употреба на аеродромските транзит визи (кои сега се бараат за државјаните на некои трети земји), строгите казни кои се наметнуваат на авиопревозниците и проверките при напуштањето на авионот (не било невообичаено на одредени лица да им се одбие влезот после проверките пред да имаат воопшто шанса да побараат азил).
АНАФЕ додаде дека во 2005 г. според податоците обезбедени од Министерството за внатрешни работи, 89% од барањата за азил поднесени на границата се обработени во рок од четири дена од нивното поднесување. Истрагата се состоела од интервју и изготвување на препорака од страна на службено лице на ОФПРА, по што следела одлука на Министерството за внатрешни работи (што е генерално усогласено со препораката). АНАФЕ нагласи дека барателите честопати немале никакви документи за да го поткрепат своето барање и дека брзината со која биле обработувани барањата им отежнувало да ги добијат неопходните документи. Организацијата се жалеше особено на фактот дека административните власти при утврдувањето дали барањето било „очигледно неосновано“ или не, детално ја проверувале основаноста иако требале само на кратко да проверат дали причините дадени од барателите на азил значеле дека нему или неа му требало заштита, за да ги издвојат лицата кои сакале да влезат во Франција од други причини (работа, обединување на семејството, итн.) без да се следи визната процедура. Со ова властите ги лишувале барателите на азил од гаранциите кои им ги нудела постапката за барање на азил откако ќе им се дала дозвола за влез во земјата. (Ова вклучувало одлука на ОФПРА – која ги имала потребните ресурси потребни за спроведување на истрага – усвоена после сеопфатно разгледување на барањето и обврзана со жалба со суспендирачка последица.) Не било невообичаено барателите на азил чие барање на границата било прогласено за „очигледно неосновано“ да добија влез во земјата по друг пат и последователно да се стекнат со бегалски статус. За да го поткрепи ова тврдење АНАФЕ ги опиша случаите на шест лица кои се нашле во оваа ситуација во 2004 или 2005 година (од кои некои биле подложени на кривични санкции во меѓувреме затоа што не се придржувале на наредбата за напуштање на земјата). Исто така поднесоа и изјава со датум од 19 април 2006 г. од генералниот секретар на Симад, екуменска невладина организација за заедничка помош која работи во центрите за притвор.
50. Дополнително, АНАФЕ го обезбеди извештајот кој го објавиле на 25 ноември 2003 г. за процедурата која се применувала за влез во земјата како барател на азил насловен „Рускиот рулет за азил на границата - зоните за чекање: кој погрешно ја применува процедурата?“ (La roulette russe de l’asile à la frontière – zone d’attente: qui détourne la procédure ?), во кој е прикажано што ги загрижува во однос на процедурата за барање на азил на границата. Конкретно нагласува дека „немало жалба“ против неповолна одлука од управните органи со оглед дека во отсуство на правен лек со суспендирачка последица, жалителите можат да бидат вратени во земјата во која дошле исклучиво врз основа на тоа одбивање. Според АНАФЕ:
“... Ова филтрирање, кое е спроведено на границата на илјадници луѓе секоја година без никакво делотворно разгледување од страна на управните судови, исто така даде приоритет на контролирањето на протокот на мигранти а не на заштитата на бегалци. Но повеќе од година дена административната машинерија забрзано работи и стотици баратели на азил се враќаат, понекогаш со чартер летови организирани од Министерството за внатрешни работи иако имаат сериозни причини да се плашат од прогон од властите во сопствената земја на потекло или во некои случаи дури и во земјите низ кои транзитираат за одреден временски период. Други не се отстрануваат од земјата но се осудени на казни затвор чисто затоа што одбиле да се придржуваат на одлука чија законитост и легитимност во најмала рака е спорна. Петнаесет години АНАФЕ ... се обидува да им помогне на лицата кои висат на остатоците од правото на азил. Таа го забележува дури и придвижување кон построги административни пракси, кои го сведуваат на ништовно уставното право да се побара азил ...“
Во својот извештај АНАФЕ забележува значителен пад во соодносот на баратели на азил на кои им била дадена дозвола за влез во земјата (падна од 60% во 1995 г. на 20% во 2001 г., 18,8% во ноември 2002 г. и 3,4% во март 2003 г.), што може да се препише на намерна политика од страна на властите. Анализирајќи серија одлуки со кои се одбил влез во земјата во текот на 2003 г., тие заклучуваат дека ова произлегло од „опасно погрешна примена“ од страна на административните власти на поимот „очигледно неосновано“ во рамките на значењето на членот Л. 221-1 од Законот за имиграција и азил. Причината дадена од административните власти „[одела] многу подалеку од ограничувањата на строга проверка за тоа дали барањата [биле] ‘очигледно неосновани’ и содржеле аргументи за сè понеприфатлива природа насочена кон оправдување на одбивањето на барањата за азил“. Според АНАФЕ, било јасно од судската пракса „дека таквото испитување требало да биде ограничено на површна проценка која исклучиво била дизајнирана да ги филтрира барањата кои очигледно не потпаѓале под опсегот на барањето за азил, и на тој начин оставајќи и ја задачата за проценување и проверка на барањата на ОФПРА“ (во таа насока упатува на одлуката на Уставниот совет DC 92 307 од 25 февруари 1992 г. и пресудата на Државниот совет, кој заседавал во полн состав од 18 декември 1996 г. во случајот на Рожер (Revue française de droit administrative. 1997-2, стр. 281) и на одлуката на Парискиот управен суд од 5 мај 2005 г. во случајот на Авила Мартинез против Министерството за внатрешни работи). Според гледиштето на АНАФЕ, „она што се случувало во пракса [било] далеку од оваа теорија и од судската пракса“.
51. АНАФЕ изјавија дека на 5 март 2004 г. потпишале договор со Министерот за внатрешни работи (кој последователно бил обновен) што им овозможило во пробен период од шест месеци да им обезбедат редовна помош на странците на кои им бил одбиен влез во Франција и кои биле држени во зоната за чекање на Роаси Аеродромот. Тие обезбедиле документ насловен „Границата и законот: зоната за чекање на Роаси видена со очите на АНАФЕ“ (La frontière et le droit: la zone d’attente de Roissy sous le regard de l’ANAFÉ), обезбедувајќи детален преглед на нивните искуства на терен. Покрај тешкотиите посочени горе, документот ја критикува и „политиката која се чини дека во целост се води од потребите на безбедносната и граничната контрола на штета на човековите права, особено правото на азил но исто така и правото да не се биде подложен на нечовечно или понижувачко постапување и посебните права на малолетниците“, и исто така „праксата на речиси систематско одбивање на дозвола за влез во земјата заради азил, со што се прекршува Женевската конвенција“. Според АНАФЕ, „постапката за барање азил на границата [била] сè поверојатно да заврши со одбивање и [била] штетна за интересите на лицата кои барале заштита“.
52. Конечно АНАФЕ ги поднесе заклучоците и препораките на Комитетот на Обединетите нации против мачење од 3 април 2006 г. за Франција, усвоени на 24 ноември 2005 г. (документ CAT/C/FRA/CO/3). Во текстот насловен како „Предмет на загриженост и препораки“ и со поднаслов „Начело на невраќање (non-refoulement)“, Комитетот вели дека бил „загрижен од природата на сумирање на т.н. приоритетна процедура за разгледување на барањата поднесени во административните центри за задржување или на границите, што не овозможува да ги проценат ризиците опфатени со членот 3 од Конвенцијата [против мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување] ...“ (според членот 3, „ниедна земја членка нема да протера, врати (‘refouler’) или екстрадира лице во друга држава кога постојат значителни основи да се верува дека лицето ќе биде во опасност да биде подложено на мачење ...“.) Точката 7 од извештајот го вели следново:
„7. Иако забележуваме дека, после стапувањето на сила на Законот од 30 јуни 2000 г., одлука за враќање (refoulement) на лице (одбивање на прием) може да подложи на привремена наредба за суспендирање или привремен судски налог, Комитетот е загрижен дека овие процедури не суспендираат, и дека ‘одлуката за одбивање на влез може да се примени по службена должност од управата’ откако жалбата била поднесена, но пред судијата да одлучи да го укине налогот за враќање (чл. 3).
Комитетот ја повторува својата препорака (A/53/44, став. 145) дека одлуката за враќање (refoulement) (одбивање на прием) што значи дека налогот за враќање треба да биде отворен за жалба со суспендирачка последица што станува правосилна во моментот кога жалбата ќе биде поднесена. Комитетот исто така препорачува државата да ги преземе неопходните мерки за да обезбеди поединците кои подложат на налог за враќање да имаат пристап на сите постоечки правни лекови, вклучувајќи и упатување на нивниот случај до Комитетот против мачење согласно членот 22 од Конвенцијата.“
АНАФЕ додаде дека Националниот советодавен комитет за човекови права усвоил препорака во која вели дека „секоја одлука со која се одбива влез, што вклучувало враќањето на засегнатите баратели на азил, да мора да биде отворена за жалба со суспендирачка последица која се поднесува до управните судови во разумен рок“.
В. Оценка на Судот
53. Најпрво, Судот ги повторува општите принципи кои произлегуваат од неговата судска пракса.
Членот 13 од Конвенцијата ја гарантира достапноста на национално ниво на правен лек за примена на суштината на правата и слободите од Конвенцијата во секаква форма што може да биде обезбедена во домашниот правен поредок. Оттука делувањето на членот 13 е да се побара обезбедување на домашен правен лек за справување со суштината на „основана жалба“ според Конвенцијата и да се додели соодветна помош. Опсегот на обврските на државите договорнички согласно членот 13 се менува во зависност од природата на жалбата на жалителот; меѓутоа правниот лек што се бара со членот 13 мора да биде „делотворен“ и во пракса и по законот. „Делотворноста“ на „правниот лек“ во рамките на значењето на членот 13 не зависи од сигурноста на исходот во корист на жалителот. Ниту пак „надлежниот орган“ посочен во таа одредба неопходно мора да биде судски орган; но доколку не е, неговите овластувања и гаранциите што ги обезбедува треба да се релевантни во утврдувањето дали правниот лек што го има пред себе е делотворен. Дури и ако еден единствен правен лек сам по себе во целост не ги исполнува условите од членот 13, збирот на правни лекови предвидени со домашен закон можат да го направат тоа (види кај, меѓу многуте други извори, Чонка, цитиран горе, § 75).
54. Понатаму Судот забележува дека согласно домашното право одлука со која се одбива да се дозволи влез во земјата, како што е таа усвоена во случајот на жалителот, делува како забрана за поднесување на барање за азил; понатаму, таквата одлука е применлива со резултат дека засегнатото лице може веднаш да биде вратено во земјата од која тој или таа тврди дека избегал/а. Меѓутоа во овој случај после примената на правилото 39, на жалителот на крај му била дадена дозвола за влез во Франција. Како резултат на тоа тој можел да поднесе барање за азил до ОФПРА која му доделила бегалски статус на 7 ноември 2005 г. Со оглед дека согласно членот 33 од Женевската конвенција од 28 јули 1951 г. во врска со статусот на бегалците, жалителот тогаш повеќе не можел да биде депортиран во неговата земја на потекло, Судот заклучил во својата одлука за допуштеност од 10 октомври 2006 г. (§ 36) дека тој го изгубил својот статус на жртва на наводна повреда на членот 3. Врз основа на овој наод во врска со жалбата согласно членот 3, Судот заклучил дека „се јавило прашање [во овој случај] во однос на применливоста на членот 13 разгледан заедно со тој член.“ Тој го приклучил тоа прашање на основаноста (види ја одлуката за допуштеност, § 49).
55. Во врска со последново Владата се изјасни дека од 7 ноември 2005 г. (датумот на кој тој се стекнал со бегалски статус) жалителот повеќе не бил соочен со ризик од депортирање, со резултат дека жалбата согласно членот 3 повеќе не била „основана“ и затоа повеќе не можела да се потпира на членот 13 во врска со тој член.
Судот не го дели овој став. Тој посочува дека во својата одлука за допуштеност (§ 49), утврдил дека аргументот на жалителот што се однесува на ризикот од малтретирање во Еритреја бил доволно веродостоен за Судот да смета дека покренал битно прашање согласно членот 3. Следи дека жалбата согласно членот 3 е „основана“ со последица дека жалителот има право начелно да се потпира на таа одредба во врска со членот 13 (дополнително на Rotaru v. Romania ([GC], no. 28341/95, § 67, ECHR 2000-V), цитиран во одлуката за допуштеност и Чонка, цитиран горе, §§ 75-76, (види, на пример Shamayev and Others v. Georgia and Russia, no. 36378/02, §§ 444-45, ECHR 2005‑III). Исто така, без да се стави под знак прашање спорната природа на оваа жалба, фактот дека ОФПРА последователно на жалителот му дала бегалски статус го потврдува тоа, како и меморандумот од заменик шефот на Отсекот за правни и меѓународни прашања на ОФПРА, во кој се вели дека „затоа Агенцијата во оваа насока ги разгледа меѓу другото, нечовечките услови на затворањето на кои [жалителот] веќе бил подложен во неговата земја на потекло така што неговото враќање во Еритреја би го довел во ризик од прогон во рамките на значењето на Женевската конвенција“ (види во параграф 20 горе).
56. Судот не е убеден ниту од владиниот аргумент дека со оглед дека членот 13 бил неразделно поврзан со членовите од Конвенцијата со кои бил комбиниран, жалителот повеќе не можел да тврди дека е жртва на повреда на членот 13 разгледан во врска со членот 3 со оглед дека тој повеќе не бил жртва на наводна повреда на последнава одредба.
Најпрво, наводната повреда во оваа насока (во врска со слабостите на процедурите достапни за поединците кои, при пристигнувањето на границата, тврделе дека биле соочени со ризик со нив да биде постапувано на начин забранет со членот 3 и барале дозвола за влез во земјата за да поднесат барање за азил) веќе се случила во времето кога заканата жалителот да биде вратен во Еритреја била отстранета (што се однесува до важноста на овој фактор види, mutatis mutandis, Association SOS Attentats and de Boëry v. France (dec.) [GC], no. 76642/01, § 34, ECHR 2006‑XIV). Жалителот добил бегалски статус на 7 ноември 2005 г. односно доста време по последната одлука на домашните судови во однос по жалбата на чија неделотворност тој се жалел пред Судот (Советот на државата одлучил на 11 август 2005 г. дека не било потребно да одлучи по жалбата против налогот од 8 јули 2005 г. донесена од судија за итни барања (види во параграфот 19 горе)).
Второ, како што повтори Судот во својата одлука за допуштеноста на жалбата (§ 36), одлука или мерка во корист на жалителот не е начелно доволна за да го лиши од неговиот статус на жртва освен ако националните власти не го признале тоа било изречно или во суштина и потоа му дале надоместок за наводната повреда на Конвенцијата. Сосема е јасно во овој случај дека тие услови не биле исполнети во врска со жалбата согласно членовите 13 и 3 земени заедно. Фактот дека жалителот не бил вратен во Еритреја и на крај можел да влезе во Франција за да поднесе барање за азил се чини дека се должел на тоа дека не му било издаден патен документ од еритрејската амбасада и потоа на барањето од Судот според правилото 39. Понатаму Судот забележува дека во оваа насока административното одобрение за влез во земјата и безбедно владение издадени на 20 јули 2005 г. како и одлуката на Советот на државата од 11 август 2005 г., изречно упатуваа на правилото 39 и привремената мерка усвоена согласно со таа одредба (види во параграфите 17 и 19 горе).
57. Судот затоа ќе продолжи со своето разгледување на основаноста на жалбата.
58. Според судската пракса на Судот, жалбата на жалителот во која тврди дека неговото или нејзиното враќање во трета земја би имало последници спротивни на членот 3 од Конвенцијата „мора неопходно да биде подложена на темелен надзор од ‘национален орган’“ (види Шамајев и други, цитиран горе, § 448; исто така види Jabari v. Turkey, no. 40035/98, § 39, ECHR 2000‑VIII). Врз основа на овој принцип Судот одлучи дека поимот на „делотворен правен лек“ согласно членот 13 разгледан заедно со членот 3 бара „независен и ригорозен надзор“ на барање од секое лице во таква ситуација каде „постои значителен основ за страв од вистински ризик од постапување спротивно на членот 3“ и исто така „можност за суспендирање на спроведувањето на оспорената мерка“ (види ги пресудите цитирани горе, § 460 и § 50 за истите).
Поконкретно во Чонка (цитиран горе, §§ 79 et seq.), Судот одлучил во врска со членот 13 разгледан заедно со членот 4 од Протоколот бр. 4 (забрана на колективно протерување на странци), дека правиот лек не ги исполнил условите од првата од овие одредби доколку немал суспендирачка последица. Тој конкретно утврдил (§ 79):
„Судот смета дека поимот на делотворен правен лек според членот 13 бара правниот лек да може да спречи извршување на мерки кои се спротивни на Конвенцијата и чии последици се потенцијално неповратни (види, mutatis mutandis, Џабари, цитиран горе, § 50). Последователно, ова е конзистентно со членот 13 за таквите мерки да бидат спроведени пред националните власти да испитаат дали тие се компатибилни со Конвенцијата иако земјите потписнички имаат добиено одредени насоки во врска со начинот на кој тие се прилагодуваат на своите обврски според оваа одредба (види Chahal [v. the United Kingdom, 15 November 1996], § 145[, Reports of Judgments and Decisions 1996-V]).“
Со оглед на важноста која Судот му ја дава на членот 3 од Конвенцијата и неповратната природа на штетата која веројатно ќе биде предизвикана доколку ризикот од мачење или малтретирање се материјализира, овој наод важи во случај во кој државата потписничка враќа странец во земја за каде постојат значителни основи да се верува дека тој или таа ќе се соочи со таков ризик.
Судот понатаму забележува дека потребата за лицата кои се соочени со таков ризик да имаат пристап до правен лек со суспендирачка последица во однос на мерката за враќање била нагласена од Комитетот на министри и Парламентарното Собрание на Советот на Европа и од комесарот за човекови права (види параграфите 36-38 горе). Истиот пристап го зазеде и Комитетот на Обединетите нации против мачење (види параграф 52 горе) и неколку НВО, вклучувајќи ја и третата странка која интервенира. Дополнително според второво, францускиот Национален советодавен комитет за човекови права усвои препорака во која вели дека „секоја одлука со која се одбива влез што вклучувало враќањето на засегнатите баратели на азил мора да биде отворена за поднесување на жалба со суспендирачка последица до управните судови во разумен рок“ (види во параграф 52 горе).
59. Со посебно упатување на барателите на азил кои тврдат дека се соочени со ризик од оваа природа, француското право обезбедува процедура која несомнено ги поседува овие карактеристики, со оглед дека е заснована во акузаторното разгледување на барањето на азил од страна на ОФПРА (јавна агенција) и по жалба на Одборот за жалби на бегалци (судско тело) и забранува враќање на барателите на азил за време на постапката. Жалителот на крајот можел да ја искористи оваа постапка со оглед дека добил дозвола за влез во Франција откако правилото 39 од Деловникот на Судот било применето.
Меѓутоа актуелниот случај ги нагласува проблемите во таа насока во врска со случаи како тој на жалителот во кој засегнатото лице се пријавува кај властите на граничниот премин, на пример на аеродромот.
60. За да се поднесе барање за азил до ОФПРА, странците мораат да бидат на француска почва. Последователно, после пристигнувањето на границата тие не можат да поднесат барање без претходно да добијат дозвола за влез во земјата. Доколку не ги имаат документите кои се бараат за таа цел, тие мораат да побараат дозвола за влез во земјата како баратели на азил; тогаш нив ги држат во „зоната за чекање додека административните власти да проверат дали нивното планирано барање за азил е „очигледно неосновано“. Доколку административните власти го сметаат барањето дека е „очигледно неосновано“, тие нема да дадат дозвола за влез во земјата и засегнатото лице автоматски се соочува со тоа да биде вратено без да добие можност да поднесе барање за азил до ОФПРА.
61. Жалителот и третата страна која интервенира посочија, најпрво дека проценката за тоа дали едно барање било „очигледно неосновано“ била направена после кратка проверка на ситуацијата на барателот на азил (како што е илустрирано во овој случај). Административните власти имале најмногу дваесет дена за обата да оценат дали барањето било „очигледно неосновано“ и доколку се одлучело така засегнатото лице да биде вратено; ова на вториов му дава малку време да собере докази за да го поткрепи своето барање. (Третата странка што интервенира посебно посочи дека во 2005 г. 89% од барањата биле разгледани за помалку од четири дена, вклучувајќи ја и правосилната министерска одлука.) Дополнително, властите го применуваа овој концепт на широко, одејќи подалеку од површна проценка планирана исклучиво за филтрирање на барањата кои очигледно не потпаѓале во опсегот на правото на азил.
Во однос на второво, Владата изјави дека критериумите примените од страна на административните власти во проценувањето дали барањето е „очигледно неосновано“ биле засновани врз детални критериуми кои произлегувале од одлуките усвоени во Лондон на 30 ноември и 1 декември 1992 г. од страна на министрите одговорни за имиграција на земјите членки на Европската комисија (за кои, меѓу другото, Советот на државата во пресудата усвоена на пленарна сесија на 18 декември 1996 г. одлучил да биле без правна последица). Критериумите беа следниве: „основите за примена не се поврзани со азилот (економска основа, чисто лична погодност, итн.); барањето се заснова на намерна измама (жалителот дава очигледно погрешни тврдења за неговото државјанство, дава погрешни изјави, и сл.); изјавите на жалителот немаат никаква суштина, не содржат никакви лични информации или не обезбедуваат доволно детали; жалителот упатува на општа ситуација на немири или небезбедност без да се обезбедат докази во врска со неговата лична состојба; неговите изјави во самата основа се недоследни или неверојатни или содржат големи контрадикции, со што го лишуваат неговиот приказ од веродостојност.“
Случајот на жалителот сугерира дека административните власти ја проценуваат суштинската вредност на аргументите на лицата во врска со нивниот страв од прогон врз основа на досието составено во „зоната за чекање“.
62. Третата страна која интервенира се жалеше на административната пракса која се сметаше како спротивна на домашното прецедентно право и која достигнала до замена на проценката на административните власти за постапката за барање на азил, со што барателите на азил се лишуваат од гаранциите кои ги нуди постапката, особено кога се работи за проценка на ризикот со кој се соочуваат доколку се вратат во својата земја. Странката што интервенира нагласи дека во отсуство на секаква жалба во однос на основаноста со суспендирачка последица, голем број на странци на овој начин се враќале во земји каде имале реална причина да се плашат од прогон.
63. Начинот на кој оваа постапка (позната како „постапка за барање азил на границата“) функционира не е начелно извор на проблеми во однос на Конвенцијата во случаи кога лицето кое бара азил не тврди дека е соочено со ризик во рамките на опсегот на членот 2 или членот 3 од Конвенцијата во неговата или нејзината земја на потекло. Ниту пак тоа ќе биде извор на проблеми доколку лицата кои поднеле основано тврдење дека се соочени со таков ризик имале можност да добијат преглед во управното решение за „очигледно неоснованата“ природа ни нивното барање кое го задоволувало условите што се утврдени горе.
64. Во врска со тоа Судот забележува дека засегнатите лица можат се обратат до управните судови за министерската одлука со која не им се дава дозвола за влез да биде ставена во мирување. Таквото барање, иако несомнено овозможува „независна и ригорозна“ проверка на одлуката, таа е без суспендирачка последица и не се води од некакви временски рокови.
65. Откако Законот бр. 2000-597 од 30 јуни 2000 г. стапил на сила, засегнатите лица исто така имале можност да поднесат „итно барање за одлагање на извршувањето“ (членот Л. 521-1 од Законот за управни судови) или „итно барање за налог за заштита на интересите на жалителот“ (исто така познато како итно барање за заштита на основна слобода“) (членот Л. 521-2 од Законот) до управните судови. Последнава постапка - која жалителот ја искористи безуспешно – му овозможува на судот, кога прашањето е итно, да наложи „секакви мерки кои се неопходни за заштита на основната слобода“ која била „прекршена на сериозен и очигледно незаконски начин“ од страна на административните власти. Се чини за особено соодветен во случаи од типот кои овде се разгледуваат, со оглед дека Советот на државата одлучил дека правото на азил е основна слобода чија последица е правото да се побара бегалски статус. Ова значи дека странците кои бараат таков статус по правило добиваат дозвола да останат во земјата додека не се донесе одлука по нивното барање. Кога се поднесува итно барање во однос на одбивањето да се даде дозвола за влез во земјата издадено на барател на азил на границата по основ дека барањето за азил е „очигледно неосновано“, судијата има овластување да го испита тој основ и може меѓу другото да даде насоки за административните власти да му дадат на засегнатото лице дозвола за влез (види ја наредбата на Советот на државата од 25 март 2003 г.). Судијата за итни барања одлучува во рок од четириесет и осум часа и како правило после акузаторна постапка со јавна расправа на која се канат странките да се појават. Ова на засегнатото лице посебно му овозможува да го изнесе својот случај директно пред судија. Жалбата се доставува до Советот на државата кој мора да одлучи во рок од четириесет и осум часа.
Затоа лице чие барање за азил на границата било одбиено има пристап до постапка која во основа треба да обезбеди солидни гаранции.
Судот меѓутоа забележува дека барањето до судијата за итни жалби нема автоматски суспендирачка последица, со резултат дека засегнатото лице би можело, сосема законски, да биде вратено пред судијата да донесе одлука. Ова беше предмет на критика од страна, меѓу другото, на Комитетот на Обединетите нации против мачење (види во параграф 52 горе).
66. Во однос на ова, како што претходно беше посочено, и особено упатувајќи на пресудите во случаите Соеринг и Вилварајах и други (цитирани горе), Владата изнесе, меѓу другите аргументи, дека бараниот правен лек не морал да има автоматски суспендирачка последица: било доволно тој да има суспендирачка последица „во пракса“. Ова, тие исто така тврдеа, бил случајот со барањата до судијата за итни барања, со оглед дека властите се воздржале да го вратат засегнатото лице додека да одлучи судијата. Жалителот одговори, посебно, дека не постоела никаква доследна пракса во таа насока, тврдење потврдено од АНАФЕ. Тој додаде, упатувајќи на пресудата во Чонка (цитирана горе, § 83), дека во секој случај таква пракса, која зависела од добрата волја на една странка и можело да и се стави крај во секое време, „не била замена за основната процедурална гаранција понудена од правен лек со суспендирачка последица“.
Судот се согласува со жалителот што се однесува до заклучоците што треба да се извлече во актуелниот случај од пресудата во случајот на Чонка, во кој Судот ја испита, меѓу другите прашања, компатибилноста на „крајно итната постапка“ пред белгискиот Совет на државата во однос на членот 13 од Конвенцијата разгледан заедно со членот 4 од Протоколот бр. 4. Постапката во прашање е слична на постапката за итно барање пред француските управни судови што овде се разгледува. Во својата пресуда, откако забележал дека барањата согласно „крајно итната постапка“ немале автоматски суспендирачка последица, Судот го отфрлил аргументот на белгиската Влада дека правниот лек во прашање сепак ги задоволил условите од членовите цитирани горе со оглед дека имал суспендирачка последица во пракса. Во таа насока Судот нагласи особено дека „условите од членот 13, и од другите одредби од Конвенцијата, земаат облик на гаранција, а не на чист израз на намера или практичен договор. Тоа е една од последиците од владеењето на правото, еден од основните принципи на домашното општество, што е неразделно во сите членови од Конвенцијата“ (§ 83). Понатаму открива повреда по основ дека „... [жалителот] немал никаква гаранција дека Советот на државата и властите би се придржувале во секој случај на таа пракса, дека Советот на државата би ја усвоил својата одлука или дури ќе го сослуша случајот, пред неговото протерување, или дека властите би дозволиле минимум разумен период на чекање“ (ибид.).
Со оглед на важноста која Судот му ја придодава на членот 3 од Конвенцијата и неповратната природа на штетата до којашто може да дојде доколку се материјализира ризикот од мачење или малтретирање, овој наод очигледно исто важи и за случаите во кои земјата потписничка ќе се одлучи да врати странец во земја каде што постои доволен основ да се верува дека тој или таа ќе е соочен/а со ризик од таква природа: членот 13 бара засегнатото лице да има пристап до правен лек со автоматски суспендирачка последица.
67. Затоа Судот заклучува во овој случај дека, со оглед дека жалителот немал пристап во „зоната за чекање“ до правен лек со автоматски суспендирачка последица, тој немал „делотворен лек во однос на неговата жалба согласно членот 3 од Конвенцијата. Последователно, дошло до повреда на членот 13 од Конвенцијата разгледан заедно со членот 3.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 1 (ѓ) ОД КОНВЕНЦИЈАТА
68. Жалителот се жалеше дека тој бил незаконски лишен од својата слобода со што бил прекршен домашниот закон. Тој се повика на членот 5 § 1 (ѓ) од Конвенцијата којшто уредува:
„1. Секој човек има право на слобода и на безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен во следниве случаи и во согласност со постапка уредена со закон:
...
(ѓ) законско апсење или притвор на лице за да се спречи негов неовластен влез во земјата или на лице против кое е во тек постапка за протерување или екстрадиција.“
Жалителот се изјасни дека согласно домашното право лицата можат да се држат во зоната за чекање максимум дваесет дена. Меѓутоа тој пристигнал на парискиот аеродром Шарл де Гол на 29 јуни 2005 г. и таму бил држен до 20 јули 2005 г. со други зборови дваесет и два дена. Тој всушност бил држен во меѓународната зона првите два дена од неговото пристигнување со оглед дека аеродромската и граничната полиција постојано одбивале да го евидентираат неговото барање за дозвола за влез како барател на азил и за пристап до „зоната за чекање“ (види во параграфот 10 горе). За жал, не било невообичаено за странци да се најдат во ваква позиција на граничен премин.
Жалителот понатаму се изјасни дека иако членот Л. 221-1 од Законот за имиграција и азил предвидува едно лице да биде држено во зоната за чекање само „онолку време колку е неопходно стриктно за да се организира неговото заминување и, доколку тој е барател на азил да се истражи дали неговото барање е очигледно неосновано“, тој бил држен таму откако административните власти го одбиле неговото барање за дозвола за влез по тие основи (на 6 јули 2005 г.). До 7 јули 2005 г. станало јасно дека неговото враќање во Еритреја или која било друга земја (опција која пак не била разгледана од властите) немало да биде физички возможно бидејќи немал патни документи (еритрејската амбасада на тој ден одбила да го признае и да му издаде патен документ), а не се знаело ни од каде дошол. Уште посериозно тој бил држен во зоната за чекање после 15 јули 2005 г., датумот на привремената мерка индицирана до Владата од Судот согласно правилото 39 од Деловникот на Судот и покрај фактот дека со оглед на пресудата во случајот Маматкулов и Аскаров против Турција (Mamatkulov and Askarov v. Turkey ([GC], nos. 46827/99 and 46951/99, ECHR 2005‑I)) таа мерка делувала како забрана за негово враќање во Еритреја.
69. Владата го оспори тврдењето дека жалителот пристигнал на Роаси Аеродромот на 29 јуни 2005 г. (види во параграф 10 горе) и дека останал во меѓународната зона два дена. Тие додале дека во секој случај неговото „лишување од слобода“ во рамките на значењето на членот 5 § 1 започнало на 1 јули 2005 г., датумот на кој тој и се пријавил на граничната полиција. Владата го зазеде гледиштето дека жалителот во реалност не се пријавил кај властите во меѓународната зона меѓу 29 јуни и 1 јули и затоа останал таму по сопствена слободна волја двата дена во прашање; не можело да има „лишување од слобода“ во отсуство на некаква принуда од страна на властите.
Времетраењето на лишувањето од слобода затоа не го надминало законскиот минимум од дваесет дена. Исто така, тоа било резултат од одлуките донесени под надзор на судските власти: почетната одлука била донесена од административните власти на 1 јули 2005 г. и била продолжена согласно законот на 3 јули. Понатаму била продолжена на 5 и 13 јули од судија за слободи и притвор на вишиот суд од Бобињи откако биле сослушани доказите презентирани од жалителот.
Со посебно упатување на држењето на жалителот во зоната за чекање после 15 јули 2005 г. Владата се изјасни дека сомнежот останал за неговиот идентитет, зацврстен од одбивањето на еритрејската амбасадорка да го признае како државјанин на таа земја, и дека властите биле обврзани да спроведат проверки во врска со тоа пред да му се дозволи да влезе во Франција. Тоа била причината зошто жалителот и понатаму бил држен во зоната меѓу 15 и 20 јули 2005 г. Според Владата ваквата ситуација не предизвикала никакви тешкотии во однос на судската пракса воспоставена со Маматкулов и Аскаров, цитиран горе, со оглед дека мерките од членот 39 „имале за цел исклучиво да го одложат извршувањето на враќањето или мерката за напуштање додека се чека на одлуката од Судот, за да се спречи да се нанесе неповратна штета по жртвата на наводната повреда и да се спречи поткопување на интегритетот и делотворноста на правосилната пресуда; тие не биле дизајнирани, во таа фаза од постапката да ја проверуваат валидноста на одлуката да му се дозволи влез или да се врати засегнатото лице или на последователното привремено лишување од слобода; последиците од овие одлуки биле просто привремено ‘смрзнати’ во исчекување на одлуката на Судот што значело дека реалното враќање на жалителот не можело да се случи во тоа време“.
70. Судот најпрво забележува дека жалителот не обезбедил никаков prima facie доказ за да го поткрепи своето тврдење дека тој пристигнал на парискиот аеродром Шарл де Гол на 29 јуни 2005 г. Понатаму забележува дека Владата која ја оспори верзијата на настани, изјави дека тие ги провериле листите на патници за летовите кои пристигнувале на Аеродромот Роаси од Јужна Африка за 29 и 30 јуни и 1 јули 2005 г. и дека немало никаква трага од патник со името Гебремедхин, Габерамадхиен или Ајдер (името кое, според жалителот, било на пасошот што го позајмил – види во параграф 10 горе).
Затоа Судот доаѓа до истиот заклучок како и Владата во овој дел, имено дека информациите во досието не даваат никакви индикации дела жалителот пристигнал на аеродромот пред 1 јули 2005 г. и дека единствениот веродостоен документ е извештајот изготвен од аеродромската и граничната полиција на 1 јули истакнувајќи дека жалителот бил испрашан во 11 часот наутро истиот ден.
Во вакви околности „лишувањето од слобода на кое жалителот бил подложен требало да се смета дека започнало на датумот на кој тој бил сместен во „зоната за чекање“, имено на 1 јули 2005 г. Со оглед дека е утврдено дека завршило на 20 јули 2005 г., датумот на кој жалителот добил дозвола да влезе во Франција (види во параграф 17 горе), не може да се каже дека истото го надминало максималниот период од дваесет дена утврдени во домашното право.
71. Судот понатаму забележува дека жалителот не оспорувал дека неговото сместување во зоната за чекање на 1 јули само по себе значело повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата. Како што забележува во неговата одлука за допуштеност на 10 октомври 2006 г. (§ 58), тој само се жалел дека бил држен во зоната за чекање одредено време после одлуката од 6 јули 2005 г. без да му се даде дозвола за влез во земјата.
72. Што се однесува до деталите од посетата на жалителот на еритрејската амбасада на 7 јули 2005 г. Судот забележува дека не постојат докази во досието кои го поддржуваат тврдењето на жалителот, а кое беше отфрлено од Владата дека во таа прилика амбасадорката одбила еднаш и за секогаш да му издаде патен документ (види во параграф 16 горе). Затоа не може да се изведе никаков заклучок од овие тврдења во однос на членот 5 § 1 од Конвенцијата.
73. Меѓутоа, мора да се земе во предвид фактот дека на 15 јули 2005 г. претседателот на Судскиот совет на која случајот беше првично доделен одлучил да и посочи на Владата, согласно правилото 39 од Деловникот на Судот дека е пожелно и во интерес на странките и соодветното спроведување на постапките пред судот жалителот да не биде вратен во Еритреја пред полноќ на 30 август 2005 г.
Судот во таа смисла потврдува дека земјите договорнички се обврзани согласно членот 34 од Конвенцијата да се придржуваат на привремените мерки посочени согласно правилото 39 (види, Маматкулов и Аскаров, цитиран горе, §§ 99‑129). Оттука, во овој случај Владата не можела да го врати жалителот во Еритреја од 15 јули 2005 г. натаму без да ги прекрши своите обврски согласно Конвенцијата. Точно е дека мерките што се посочени во правилото 39 се само од привремена природа. Меѓутоа, мерката што е посочена во овој случај од страна на претседателот на Судскиот совет кому првично му беше доделен случајот важеше до 30 август 2005 г., односно, после 20 јули 2005 г. (датумот на кој жалителот ја напуштил зоната за чекање). Понатаму, Владата не побарала мерката да биде повлечена меѓу 15 и 20 јули.
74. Спроведувањето на привремена мерка после посочувањето од Судот до државата потписничка дека би било пожелно да не го враќа лицето во одредена земја само по себе нема врска со тоа дали лишувањето од слобода на кое лицето може да биде подложено е во согласност со членот 5 § 1 од Конвенцијата.
Поконкретно, со оглед дека примената на правилото 39 не спречува засегнатото лице да биде испратено во друга земја – под услов да било утврдено дека властите на таа земја нема да го/ја испратат во земјата посочена од Судот – неговиот или нејзиниот притвор за таа цел може да достигне „законски“ притвор на лице „против кое е покрената постапка заради протерување или екстрадиција“ во рамките на значењето на членот 5 § 1 (ѓ) од Конвенцијата.
Исто така кога по примената на правилото 39 властите од засегнатата земја потписничка немаат опција освен да стават крај на лишувањето од слобода на лицето со оглед на неговото „протерување“, и ова вклучува да му се даде дозвола да влезе во земјата, неговото задржување во притвор за период стриктно потребен за властите да проверат дали неговиот влез во земјата е законски може да достигне „законски притвор на лице за да се спречи негов неовластен влез во земјата“ во рамките на значењето на членот 5 § 1 (ѓ). Исто така не може да се отфрли дека во текот на таквите последователни проверки властите можат да откријат информации – поврзани на пример со идентитетот на засегнатото лице – кои можат да го оправдаат отстранувањето на привремената мерка од страна на Судот што ја индицира согласно правилото 39. Сепак притворот од овој вид, како и секое лишување од слобода мора да биде „законско“ и „во согласност со постапката пропишана со закон“ во рамките на значењето на членот 5 § 1. Не само што треба да има строго дефинирана законска основа, особено што се однесува не неговото времетраење – што не смее да е неразумно – туку мора да е и во согласност со целта на членот 5, имено да се заштити лицето од своеволност (види, на пример, Amuur v. France, 25 June 1996, § 50, Reports of Judgments and Decisions 1996-III).
75. Во овој случај Судот забележува дека одлуката од 6 јули 2005 г. со која не му се дозволува на жалителот да влезе во земјата не стипулира дека тој требало да биде вратен исклучиво во Еритреја, туку „доколку е потребно во некоја земја во која тој би можел да биде законски примен“ (види во параграф 13 горе). Чувањето на жалителот во зоната за чекање меѓу 15 и 20 јули 2005 г. заради негово враќање во некоја друга земја покрај Еритреја која би можела да го прими можело да достигне до лишување од слобода заради негово „заминување“, во согласност со членот Л. 221-1 од Законот за имиграција и азил (види ја одлуката за допуштеност од 10 октомври 2006 г., § 55) и во рамките на контекстот на постапката за „протерување“ согласно целта на членот 5 § 1 (ѓ) од Конвенцијата.
Меѓутоа Владата не оспори дека ова била целта на лишувањето од слобода на кое жалителот бил подложен после 15 јули 2005 г. Нагласувајќи дека имале законска основа во налозите на судијата за слободи и притвор, тие посочија дека за да се придржуваат на мерката индицирана од Судот согласно правилото 39, властите „морале ... да преземат чекори за да му дадат дозвола на г-динот Гебремедхин за влез во земјата и да остане таму целосно слободен“. Меѓутоа со оглед на постоечките сомнежи околу идентитетот на жалителот, тие морале да спроведат проверки за да се минимизира ризикот да стане недостапен по добивањето на дозвола за влез и да остане во земјата нелегално. Според изјаснувањето на Владата властите дејствувале во согласност со сувереното право на земјите потписнички да го контролираат влезот, престојот и протерувањето на странци што им е доделено од прецедентното право на Судот.
Судот е задоволен со овие објаснувања, забележувајќи дека домашните власти постапувале строго во согласност со законските постапки. Најпрво, во согласност со домашното право (членовите Л. 221-3, Л. 222-1 и Л. 222-2 од Законот за имиграција и азил (види во параграф 29 горе)), првичната одлука за жалителот да биде сместен во зоната за чекање на 1 јули 2005 г. била продолжена после четириесет и осум часа од страна на надлежните управни власти за истиот период, и последователно од страна на судијата за слободи и притвор од вишиот суд во Бобињи, најпрво на 5 јули 2005 г. за осум дена и вториот пат на 13 јули 2005 г. за дополнителни осум дена (види во параграф 18 горе). Второ, на дваесеттиот ден откако тој бил сместен во зоната за чекање, жалителот добил дозвола за влез во Франција и му бил издаден документ за безбедно владение (види во параграф 17 горе), со што се ставило крај на неговото лишување од слобода. Оттука, не само дека целиот период на притвор не го надминал правниот максимум од дваесет дена, туку држењето на жалителот во зоната за чекање меѓу 15 и 20 јули 2005 г. исто така било засновано на судска одлука во форма на налог од судија за слободи и притвор од 13 јули 2005 г. Понатаму, со оглед дека жалителот како што и самиот признал немал патни документи, Судот не гледа причина да се сомнева во добрата намера на Владата која се произнесе дека властите морале да спроведат проверки во врска со неговиот идентитет пред да му дозволат да влезе во земјата. Конечно Судот смета дека времето додека жалителот бил држен во зоната за чекање за таа цел не надминало она што би се сметало за разумно во околностите од случајот.
Затоа нема основ за да се смета дека меѓу 15 и 20 јули 2005 г. жалителот бил своеволно лишен од слобода.
Како заклучок, Судот прифаќа дека држењето на жалителот во зоната за чекање после 15 јули 2005 г. достигнало „законски притвор на лице за да се спречи негов неовластен влез во земјата“ во рамките на значењето на членот 5 § 1 (ѓ) од Конвенцијата. Во таа смисла немало повреда на таа одредба.
III. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
76. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
А. Штета
77. Жалителот побаруваше 30.000 евра („ЕУР“) за нематеријална штета.
78. Владата сметаше дека побарувањето е претерано. Тие предложија исплата од 3.000 евра на жалителот за штета претрпена на сметка на тоа дека бил држен во зоната за чекање, доколку Судот утврди повреда.
79. Судот посочува дека тој утврдил повреда само на членот 13 од Конвенцијата разгледан заедно со членот 3 по основ дека со оглед дека на жалителот, додека бил во „зоната за чекање“, не му бил достапен правен лек со автоматски суспендирачка последица, тој немал „делотворен правен лек“ во однос на неговата жалба согласно членот 3 од Конвенцијата. Иако таквите околности се неспорно подложни да предизвикаат нервоза и напнатост, Судот смета дека наодот за повреда претставува соодветен надоместок, во околностите на случајот, за нематеријална штета која жалителот може да тврди дека ја претрпел.
Б. Трошоци и издатоци
80. Жалителот добил правна помош за постапката пред Судот. Неговиот адвокат изјавил дека неговиот клиент немал средства, дека тој „авансно ги покрил трошоците и хонорарите“ во негово име. Тој побаруваше 18.657,60 евра за хонорари и поднесе профактура со датум од 6 декември 2006 г. во која беше дадено дека сумата во прашање се однесува на 120 работни часа по 130 евра на час без данок. Тој понатаму побаруваше уште 800 евра за трошоци (копии, телефон, поштарина, итн.).
81. Владата сметаше дека побарувањето е претерано. Посочувајќи дека трошоците и издатоците направени од жалителот пред Судот имале право на рефундирање само доколку биле доставен релевантни налози за исплата и доколку Судот утврди дека тие реално и неопходно настанале и биле разумни, тие предложија сума од 3.500 евра.
82. Судот повторува дека по правило трошоците и издатоците на жалителот можат да бидат рефундирани само доколку настанале реално и неопходно и се разумни во однос на износот. Исто така согласно правилото 60 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот жалителот морал да поднесе детална листа за сите побарувања заедно со сите релевантни документи што ги поткрепуваат истите, и доколку ова не се обезбеди Судскиот совет може да го одбие побарувањето во целост или делумно (види меѓу другите извори, Mazelié v. France, no. 5356/04, § 38, 23 October 2006).
Со оглед дека жалителот прво бил барател на азил, а потоа бегалец, Судот не се сомнева дека нема средства. Тој смета дека во овие околности на жалителот треба да му се додели износ во однос на авансното плаќање во негово име од страна на неговиот адвокат. Во врска со ова тој утврдува дека профактурата поднесена од адвокатот е задоволувачка.
Меѓутоа мора да се има на ум дека Судот утврдил повреда на Конвенцијата во овој случај само во однос на една од жалбите на жалителите, имено неговата жалба во однос на членот 13 разгледан заедно со членот 3. Само оние трошоци и издатоци кои се разумни во однос на износот и кои реално и неопходно настанале за да се бара надоместок преку домашниот правен систем за гореспоменатата повреда и истото да се утврди од институциите на Конвенцијата можат да се повратат согласно членот 41. Согласно ова Судот го отфрла остатокот од побарувањето (види, на пример, I.J.L. and Others v. the United Kingdom, nos. 29522/95, 30056/96 and 30574/96, § 151, ECHR 2000‑IX).
Во тој контекст и земајќи го во предвид вложениот труд на адвокатот на жалителот, Судот смета дека е разумно да додели 10.000 евра за трошоци и издатоци минус 1.699,40 евра кои веќе биле исплатени од Советот на Европа како правна помош, доделувајќи сума од 8.300,60 евра.
В. Казнена камата
83. Судот смета дека е соодветно казнената камата да се заснова на маргиналната стапка на позајмување на Европската Централна Банка на што треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Одлучи дека имало до повреда на членот 13 од Конвенцијата разгледан заедно со членот 3.
2. Одлучи дека немало повреда на членот 5 § 1 (ѓ) од Конвенцијата;
3. Одлучи дека одлуката за повреда сама по себе претставува доволно правичен надоместок за нематеријалната штета што ја претрпел жалителот;
4. Одлучи
(а) дека тужената Држава треба да му плати на жалителот, во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане правосилна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата, 8.300,60 евра (осум илјади и триста евра и шеесет центи) за трошоци и издатоци, плус секој данок на кој можеби подложат;
(б) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата проста камата ќе се плаќа на гореспоменатиот износ по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка во текот на казнениот период плус три процентни поени;
5. Го отфрла остатокот од побарувањето на жалителот за правичен надоместок.
Изготвенa на француски јазик, и објавенa на писмено на 26 април 2007 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Сали ДолеАндраш Бака
Секретар Претседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy