© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
CЛУЧАЈ ГРУЗИЈА против РУСИЈА (I)
(Жалба бр. 13255/07)
ПРЕСУДА
(Meриторна)
[Извадоци]
СТРАЗБУР
3 јули 2014 година
Оваа пресуда е правосилна, но може да биде предмет на уреднички измени.
...
Во случајот Грузија против Русија (I),
Европскиот суд за човекови права, заседавајќи како Голем судски совет во состав:
Јусеп Касадевал, Претседател,
Николас Браца,
Марк Вилигер,
Изабел Беро-Лефевре,
Корнелиу Бирсан,
Пеер Лоренцен,
Елизабет Штајнер,
Ханлар Хаџијев,
Паиви Хирвела,
Луиз Лопез Гуера,
Мирјана Лазарова Трајковска,
Нона Цоцориа,
Ен Павер Форди,
Здравка Калајџиева,
Винсент де Гаетано,
Андре Поточки,
Дмитриј Дедов, судии,
и Мајкл О’Бојл, Заменик секретар,
Oткако расправаше на затворени седници одржани на 13 и 14 јуни 2012 година, како и на 26 март 2014 година,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на 26 март 2014 година:
ПОСТАПКА
I. ВОВЕД
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 13255/07) против Руската Федерација поднесена до Судот согласно член 33 од Конвенцијата за заштита на човековите права и слободи („Конвенцијата“) од страна на Грузија на 26 март 2007 година. Грузиската Влада („Владата жалител“) ја застапуваше нејзиниот агент, г-н Леван Месхорадзе.. Грузиската Влада претходно ја застапуваа нејзините поранешни агенти:
г-н Бесарион Бохашвили и г-н Давид Томадзе.
2. Руската Влада („тужената Влада“) ја застапуваше нејзиниот застапник, г-н Георги Матјушкин. Руската Влада претходно ја застапуваше нејзиниот претходен застапник, г-ѓа Вероника Милинчук.
3. Владата жалител тврдеше дека тужената држава го дозволила или предизвикала постоењето на административна практика на апсење, лишување од слобода и колективно протерување на грузиски државјани од Руската Федерација во текот на есента 2006 година, што довело до повреда на член 3, член 5, член 8, член 13, член 14 и член 18 од Конвенцијата, како и на член 1 и член 2 од Протокол бр. 1, член 4 од Протокол бр. 4 и член 1 од Протокол бр. 7.
ПОСТАПКА ПО ПРАШАЊА НА ДОПУШТЕНОСТ ПРЕД СУДКИОТ СОВЕТ
4. Жалбата му беше доделена на Петтиот оддел на Судот (правило 52, став 1 од Правилата на Судот).
5. На 13 април 2007 година Претседателот на Судскиот совет одлучи да ја комуницира жалбата до тужената држава, повикувајќи ја да достави опсервации за допуштеноста на жалбените наводи. Откако рокот предвиден за доставување на опсервации беше продолжен, Владата, на 5 мај 2008 година, достави свои опсервации, со анекси.
6. На 4 јануари 2008 година Владата жалител беше повикана да достави свои опсервации во одговор. Откако предвидениот рок беше продолжен, Владата, на 5 мај 2008 година, достави свои опсервации со анекси.
7. Тужената Влада достави дополнителни опсервации на 23 септември 2008 година.
8. На 25 ноември 2008 година Судот оцени до кој стадиум е постапката и одлучи да побара усни опсервации за допуштеноста на жалбата. Судот исто така одлучи да побара странките да дадат писмен одговор на листа на прашања пред денот на одржување на јавна расправа.
9. На 18 март 2009 година странките ги доставија своите писмени опсервации по однос на прашањата поставени од Судот.
10. На 30 јуни 2009 година, откако на 16 април 2009 година беше одржана јавна расправа за прашањата за допуштеност на жалбата (правило 54, став 3), Судски совет на Петтиот оддел составен од следните судии: Пеер Лоренцен, Претседател, Раит Марусте, Карел Јунгвирт, Анатолиј Ковлер, Ренате Јегер, Марк Вилигер и Нона Цоцориа, како и Клаудија Вестердик, Секретар на одделот, ја прогласи жалбата за допуштена.ПОСТАПКА ПРЕД ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ ЗА СУШТИНАТА НА СПОРОТ
11. На 15 декември 2009 година Судскиот совет отстапи надлежност на Големиот судски совет, а ниту една од странките не даде приговор во тој поглед (член 30 од Конвенцијата и правило 72).
12. На 8 јануари 2010 година составот на Големиот судски совет беше определен согласно одредбите на на член 26, став 4 и став 5 од Конвенцијата и правило 24 од Правилата на Судот и тоа: Жан Пол Коста, Претседател, Христос Розакис, Николас Браца, Пеер Лоренцен, Франсоаз Тулкенс, Карел Јунгвирт, Раит Марусте, Анатолиј Ковлер, Ренате Јегер, Марк Вилигер, Изабел Беро-Лефевре, Луиз Лопез Гуера, Мирјана Лазарова Трајковска, Нона Цоцориа, Ен Павер и Здравка Калајџиева, судии, и Мајкл О’Бојл, Заменик секретар на Судот. На 3 ноември 2011 година истече мандатот на Жан Пол Коста како Претседател на Судот. Николас Браца стапи на таа должност и од тој датум го презеде и претседавањето со Големиот судски совет во случајот кој е предмет на разгледување (правило 9, став 2). На 31 октомври 2012 година истече мандатот на Николас Браца како Претседател на Судот. Почнувајќи од тој датум Јусеп Касадевал, Потпретседател на Судот, го презема претседавањето со Големиот судски совет во овој случај. Николас Браца и после истекот на неговиот мандат остана како судија во овој случај, согласно член 23, став 3 од Конвенцијата и правило 24, став 4 од Правилата на Судот. Новиот состав на Големиот судски совет од 24 март 2014 година, датум на усвојување на оваа пресуда, е наведен на почетокот на текстот на оваа пресуда.
13. Со цел да бидат разјаснети определени прашања посебно во врска со условите на апсење, задржување и протерување на грузиски државјани, Судот одлучи да сослуша дополнителни сведоци, во согласност со член 38 од Конвенцијата и правило A1 oд анексот на Правилата на Судот. Судот за таа цел именува делегација од петмина судии на Големиот судски совет и тоа: Јусеп Касадевал, Анатолиј Ковлер, Марк Вилигер, Изабел Беро-Лефевре и Нона Цоцориа.
14. На 28 јуни 2010 година Претседателот на Големиот судски совет побара секоја странка да достави листа на сведоци (најмногу десетмина) кои странките би сакале да бидат сослушани од делегацијата на судии. Тој исто така повика петмина нови сведоци утврдени од Судот. Владата жалител ја достави својата листа на сведоци на 11 август 2010 година, додека пак тужената Влада ја достави својата листа на 14 август 2010 година.
15. Во текот на периодот од 31 јануари до 4 февруари 2011 година делегацијата на судии сослуша сведоци без присуство на јавноста, во присуство на претставници на странките во Зградата на човековите права во Стразбур.
16. Делегацијата сослуша вкупно дваесет и еден сведок, деветмина од кои беа предложени од Владата жалител, десетмина од тужената Влада, а два сведока беа избрани од Судот.
17. Листа на сведоците кои беа сослушани од делегацијата и резиме на нивното сведочење се приклучени кон оваа пресуда. Секретаријатот на Судот исто така подготви записник [verbatim record] за сведочењата на сведоците дадени пред делегацијата и тој е приклучен кон списите на предметот.
18. Со дописи од 28 јуни 2010 година и 8 март 2011 година, Претседателот ја повика тужената Влада да достави дополнителни документи до Судот. Владата одговори на тие дописи на 14 август 2010 и 15 април 2011 година, соодветно.
19. На 18 јули 2011 година Претседателот ги повика странките да достават опсервации за суштината на предметот и записникот од усното сведочење на сведоците кој им беше претходно доставен (правило 58, став 1 и правило A8, став 3 од анексот на Правилата) најдоцна до 30 ноември 2011 година. Опсервациите на странките пристигнаа до Судот на тој датум.
20. Јавна расправа за основаноста на тужбата се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 13 јуни 2012 година (правило 58, став 2).
Пред Судот пристапија:
(a) за Владата жалител
г-ѓа Т. Бурџалиани, прв Заменик министер за Правда,
г-нЛ. Месхорадзе, Агент,
г-ѓаК. Тсхомелидзе,
г-ѓа М. Васхакидзе,
г-ѓа Н. Абрамишвили], Советници;
(б) за тужената Влада
г-н Г. Матјушкин, Заменик министер за Правда, Застапник,
г-ѓа Н. Зјабкина, Прв заменик на Застапникот,
г-ѓа А. Земскова,
г-ѓа И. Кориева,
г-н Ј. Петухов,
г-ѓа Г. Хохрина,
г-ѓа Ј. Цимбалова,
г-н Е. Шипицин,Советници.
Судот слушна обраќања на г-ѓа Бурџалиани и г-н Матјушкин.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
21. Фактичката состојба на случајот е резимирана во продолжение.
A. Oпшт преглед
22. Имајќи ги превид сите докази доставени до Судот, произлегува дека на крајот на летото 2006 година, политичките тензии помеѓу Руската Федерација и Грузија достигнале максимум со апсењето на 27 септември 2006 година на четворица руски офицери во Тбилиси и прекинувањето од страна на Руската Федерација на 3 октомври 2006 година на сите воздушни, патни, поморски, железнички, поштенски и финансиски врски со Грузија. Странските медиуми кон крајот на септември 2006 година, веќе известуваа за протерувањата на грузиски државјани од страна на Руската Федерација, и тие информации беа пренесувани од страна на повеќе меѓународни владини и невладини организации (види, помеѓу другото, извештај од 22 јануари 2007 година на Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа [акроним на англиски јазик (PACE)] “Актуелни тензии помеѓу Грузија и Русија“ [“Current tensions between Georgia and Russia”], АС/Мон(2006)40 рев [AS/Mon(2006)40 rev.]; извештајот од октомври 2007 година на невладината организација Human Rights Watch [акроним (HRW)] “Обележани. Притворање и протерување на Грузијци од страна на Русија“, [“Singled Out. Russia’s detention and expulsion of Georgians”, Volume 19 No. 5(D)]; и извештајот од април 2007 на невладината организација International Federation for Human Rights [акроним (FIDH)] „Мигранти во Русија“, бр. 472 [“Migrants in Russia”, no. 472)].
23. Беше утврдено дека во текот на периодот за кој станува збор (од крајот на септември 2006 година до крајот на јануари 2007 година), грузиски државјани биле апсени, задржувани и протерувани од територијата на Руската Федерација.
24. Според Владата жалител, тие мерки биле мерки на одмазда после апсењето на руските офицери во Тбилиси, а грузиските државјани биле протерувани без оглед на тоа дали законски или незаконски престојуваат во Руската Федерација, само поради тоа што биле Грузијци.
25. Според тужената Влада, настаните поврзани со апсењето на четворицата руски офицери во Тбилиси не биле воопшто релевантни за фактите изнесени од Владата жалител. Руските органи не презеле никакви репресалии против грузиски државјани, туку само продолжиле да ги применуваат законските одредби за спречување на илегална миграција во согласност со условите од Конвенцијата и меѓународните обврски на Руската Федерација.
26. Странките доставија различни статистички податоци во врска со бројот на грузиски државјани протерани во текот на тој период доставени.
27. Владата жалител посебно истакна дека во периодот од крајот на септември 2006 година и крајот на јануари 2007 година, биле донесени 4,634 решенија за протерување на грузиски државјани, од кои 2,380 биле притворени и присилно остранети, додека пак преостанатите 2,254 самите ја напуштиле земјата. Владата прецизираше дека во периодот од октомври 2006 година до јануари 2007 година имало голем пораст на бројот на протерувања на грузиски државјани, кој се зголемил од 80 до 100 лица месечно во периодот од јули до септември 2006 година на околу 700 до 800 лица месечно во периодот од октомври 2006 година до јануари 2007 година. Во текот на сослушувањето на сведоци, г-н Патаридзе, конзул на Грузија во Руската Федерација во тоа време, кажа дека од крајот на септември 2006 година конзулатот на Грузија во Москва бил преплавен со телефонски повици и барања за помош од страна на роднини на задржаните лица, и дека помеѓу 200 и 300 грузиски државјани доаѓале во конзулатот секој ден. Тој исто така кажа дека имало и пораст на бројот на идадени патни исправи (што било неопходно за протерување на грузиски државјани) во тој период, а бројот се зголемил од просечно 10 до 15 исправи на ден, на 150 на ден ...
28. Тужената Влада, којашто кажа дека имала само годишни и полугодишни статистички податоци, изјави дека, во 2006 година, биле донесени 4,022 решенија за административно протерување на грузиски државјани, што претставувало пораст од 39.7% во споредба со 2005 година. Сепак, во текот на таа година најголем број на решенија за административно протерувања биле донесени во однос на узбечки државјани (6,089), па потоа таџикистански државјани (4,960) и грузиски државјани (4,022), кои, всушност, биле дури на трето место. Во периодот од 1 октомври 2006 година до 1 април 2007 година, на 2,862 грузиски државјани им биле изречени решенија за протерување. Владата исто така посочи дека во текот на октомври 2006 година со четири авиони организирани од Руската Федерација биле пренесени вкупно 445 грузиски државјани од Москва во Тбилиси, и дека на крајот на октомври и почетокот на декември 2006 година со два лета организирани од Грузија биле превезени 220 грузиски државјани од Москва до Тбилиси. На сослушувањето на сведоци, г-н Шевченко, кој во релевантниот период бил Заменик раководител на Одделот за контрола на имиграција на Сојузната служба за имиграција, кажа дека на 6 октомври 2006 година летот бил со карго авион на Министерството за вонредни ситуации (IL 76), на 10, 11 и 17 октомври 2006 година до руски патничи авион (IL 62 M), и на 28 октомври и 6 декември 2006 година со грузиски патнички авиони ...
29. Во поглед на меѓународните владини и невладини организации, тие во еден дел ги доставија бројките доставени од Владата жалител (види, помеѓу другото, извешајот на Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа – извештајот на PACE, параграф 56). Невладината организација Human Rights Watch [акроним (HRW)], пак, во својот извештај, исто така се повика, на информативна белешка од 1 ноември 2006 година на Федералната миграциона служба на Руската Федерација (извештај на HRW, стр. 37). Според Human Rights Watch, во таа белешка се посочувало дека во периодот од 29 септември до 1 ноември 2006 година, биле донесени 2,681 решение за административно протерување на грузиски државјани и дека биле протерани 1,194 грузиски државјани. Невладината организација International Federation for Human Rights [aкроним (FIDH)] во својот извештај зборува за „илјадници апсења [на грузиски државјани], стотици задржани лица и протерувања во Грузија“ после инцидентот од 27 септември 2006 година (извештај на FIDH, стр.23).
Б. Наводно постоење на политика на протерување на грузиски државјани
1. Упатства и циркуларни писма
30. Во поддршка на нејзините наводи, Владата жалител достави повеќе документи издадени од Главната управа за внатрешни работи (GUVD) на Санкт Петербург и Ленинградската област и од страна на Федералната миграциона служба на Руската Федерација. Тие документи се однесуваат на два циркулара: циркулар – [во оригинал на руски јазик] приказ – бр. 0215 oд 30 септември 2006 година издаден од Главната управа за внатрешни работи на Санкт Петербург и Ленинградската област и циркулар – указание [во оригинал на руски јазик] – бр. 849 oд 29 септември 2006 година издаден од Министерството за внатрешни работи на Руската Федерација.
31. Tоа се следните документи:
i. Tри упатства од 2 и 3 октомври 2006 година издадени од Главната управа за внатрешни работи на Санкт Петербург и Ленинградската област:
(a) Првата упатство од 2 октомври 2006 година (бр. 122721∕08), испратена од г-н В. Ј. Пјотровскиј, вршител на должноста Раководител на Главната управа за внатрешни работи на Санкт Петербург и Ленинградската област, полициски генерал во тоа време, до раководителите на одделенија на управата, е насловена „зголемување на ефикасноста на имплементација на циркуларот на GUVD бр. 0215 од 30.09.2006 (параграфи 6.1, 6.2 и 7)“ и со неа се наредува дека
„1. во периодот од 2.10.2006 до 4.10.2006 година и во соработка со подрачните единици на Федералната миграциона служба за Санкт Петербург и Ленинградската област, со вклученост на вработените од сите нејзини одделенија, да се преземат опсежни мерки за да се идентификуваат и депортираат колку е можно повеќе државјани (граждане) [зборот во мала заграда е во оригинал на руски јазик] на Република Грузија кои незаконски престојуваат на руска територија“;
„2. да се „иницира“(Инициировать) пред судовите кои одлучуваат во случаи на прекршување на правилата со кои се регулира престој на странски државјани постапка за донесување решенија за протерување на гореспоменатата категорија на државјани со нивно задржување во прифатни центри и установи за притвор на Главната управа за вантрешни работи (GUVD). Имплементацијата на овие мерки е одоборена од Управата на Федералната миграциона служба за Санкт Петербург и Ленинградската област (UFMS), а донесувањето на решенија е во координација со Санктпетербуршкиот градски суд и Ленинградскиот окружен суд;“ (упатството за кое станува збрува исто така е содржано во анексот на извештајот на Парламентарното собрание на Советот на Европа и извештајот на HRW, и е спомената во извештајот на FIDH, стр. 26 (б) in fine).
(б) Втората упатство од 2 октомври 2006 година (бр. 122721∕13) и третото упатство (бр. 122721∕17) oд 3 октомври 2006 година, го надополнуваат првото. Второто упатство, испратено од г-н С.Н. Стороженко, раководител на одделение во Главната управа за внатрешни работи на Санкт Петербург и Ленинградската област во односниот период, до раководителите на окружните полициски оддели за економски криминал и на службите за транспорт на Санкт Петербург, исто така упатува на циркуларот бр. 0215. Tретото упатство, испратено од г-н В.Д. Кудриавцев, вршител на должност Началник на полицијата во Санкт Петербург и Ленинградската област во релевантниот период, до раководителите на окружните полициски оддели, им наредува на релевантните органи да доставуваат дневни извештаи за бројот на грузиски државјани уапсени за „административни прекршоци ... прекршувања на правила за пријавување на адреса на живеалиште“;
ii. Наредба од 2 октомври 2006 година (бр. 122721∕11) издадена од г-н Кудриавцев, во релевантниот период вршител на должност Началник на полицијата во Санкт Петербург и Ленинградската област, која се повикува на параграф 3 од циркуларот бр. 0215;
iii. Информативна белешка од 18 октомври 2006 година издадена од Федералната миграциона служба со која се применува циркуларот бр. 849 од 29 септември 2006 година на Министерството за внатрешни работи на Руската Федерација во која се посочуваат мерките преземени за зајакнување на надзорот над законитоста на престојот во Руската Федерација на грузиски државјани: проверки кај работодавачи кои вработуваат грузиски државјани, проверки на грузиски државјани кои имаат извршено прекршоци наведени од член 18.8 до 18.11 од Законот за административни прекршоци, прекинување на постапка за издавање на определени документи на грузиски државјани (стекнување руско државјанство, документи за пријавување престој, дозволи за постојан и привремен престој) и проверка на законитоста на издавањето на такви документи (информативната белешка исто така е содржана во анексот на извештајот на HRW).
32. Тужената Влада истакна дека сите тие упатства, наредбата и информативната белешка биле фалсификувани и ја оспори содржината презентирана од Владата жалител во поглед на двата циркулара бр. 0215 и бр. 849 на кои претходноспоменатите документи се повикувале. Сепак, таа го потврди постоењето на тие два циркулари, но кажа дека не можела да ги достави до Судот затоа што претставувале „државна тајна“. При сослушувањето на сведоци, г-н Никишкин, Заменик раководител на правен сектор, Министерство за внатрешни работи, Москва, во моментот на сослушувањето, потврди дека упатството од 2 октомври 2006 година (бр. 122721∕08) (види параграф 31 погоре) наводно издадено од Главната управа за внатрешни работи на Санкт Петербург и Ленинградската област било фалсификуван документ и дека двата циркулара бр. 0215 и бр. 849 (вториот циркулар всушност бил телеграма) биле класифицирани како „државна тајна“ и дека тие се однесувале на повеќе криминални групи од различни држави, и не биле селективни само во однос на грузиски државјани. Тие не можеле да бидат покажани затоа што тоа тоа било забрането согласно руското право.
33. Во неговиот годишен извештај за 2006 година, г-н В.П. Лукин, кој бил Комесар за човекови права на Руската Федерација (руски Омбудсман) во релевантниот период, го објавил интегралниот текст на упатството од 2 октомври 2006 година (бр. 122721∕08), каде стои името на г-н В.Ј. Пиотровскиј без потпис. Комесарот кажал дека упатството му било испратено од активисти за човекови права од Санкт Петербург и дека било објавено од локалните медиуми. Тој коментирал: „Да ги наречеме работите со нивното вистинско име, овој документ без преседан е доказ дека ... највисокиот полициски функционер направил договор со судските органи со цел да се дојде до неоправдани судски одлуки во врска со лица – кое не биле сё уште идентифиувани – кои ги имаат прекршени процедурите за стекнување дозволи за привремен престој, без да се земат предвид специфичните околности на тие лица и само по основ на тоа што биле грузиски државјани.“ Тој понатаму кажал дека побарал од Генералниот прокурор на Руската Федерација да провери дали документот е автентичен и, ако е тоа така, „да преземе соодветни мерки виновниците да се изведат пред лицето на правдата и да се укинат упатствата содржани во тој документ кои се очигледно незаконити“ (Годишен извештај за 2006 година на Комесарот за човекови права на Руската Федерација, точка 7 „Меѓуетнички односи и човекови права“).
34. Во неговиот допис од 8 декември 2006 година, г-н А.Е. Буксман, Заменик генерален прокурор на Руската Федерација во релевантниот период, кажал дека „било утврдено дека органите за спроведување на законот во Санкт Петербург и Ленинградската област редовно преземаат мерки насочени кон откривање на странски државјани кои немаат законски престој во Санкт Петербург и Ленинградската област. Овие мерки се реализираат во согласност со правилата на рускиот Закон за кривична постапка, Законот за руските „оперативно-истражни активности“ (Об оперативно-розыскной деятельности РФ) и административни циркулари вклучувајќи и такви кои претставуваат државна тајна. Во тековната година 1,069 странски државјани беа вратени од Санкт Петербург назад во нивните земји; 131 од нив имале грузиско државјанство. Не беа откриени случаи на злоупотреба на положбата од страна на службеници на милицијата.“
35. Во неговиот извештај Комесарот го опишал одговорот на Заменик генералниот прокурор на следниот начин: „во согласност со најдобрите бирократски традиции документот не даде одговор на ниту едно од прашањата поставени од Комесарот. Наместо тоа, „одговорот“ на Заменикот на генералниот прокурор содржеше краток извештај за успесите на органите за спроведување на законот во Санкт Петербург и, во однос на административните циркулари класифицирани како „тајни“, потврди дека немало докази дека вработените ги пречекориле нивните овластувања. Останува нејасно дали ова значи дека како последица на тоа одделенијата на Управата за внатрешни работи на Санкт Петербург и Ленинградската област не ги извршувале незаконитите наредби на нивните претпоставени.“
2. Барања за информации испратени до повеќе училишта и одговори од руските органи
36. Владата жалител исто така достави два дописи од Управата за вантрешни работи на два округа во Москва – Таганскиј (Заменик раководител во тоа време: г-н Г.С. Захаров) и Западниј (Заменик раководител во тоа време: г-н А.В. Комаров) – испратени на 2 и 3 октомври 2006 година до училиштата чија намена била да се идентификуваат ученици Грузијци со цел, помеѓу останатото, „да се обезбеди јавниот ред и почитувањето на законот, спречување на терористички акти и на тензии помеѓу децата кои живеат во Москва и децата од грузиска националност (национальность)“ (допис од г-н Захатов). Во одговор на тој допис испратен на 4 октомври 2006 година, директорот на една од училишните установи во тоа време (г-н Енгелс) кажал дека не се водела евиденција на ученици по основ на нивната националност (дописите на г-н Захаров и г-н Енгелс исто така се содржани во анексите на извештаите на PACE и HRW). Во руските медиуми опширно се коментирале овие барања за информации.
37. Тужената Влада не го оспори постоењето на дописите и дури и потврди дека и други барања од ист вид биле испратени до повеќе училишта на почетокот на октомври 2006 година од страна на раководителот на Управата за вантрешни работи во Битурскиј округот во Москва (г-ѓа Н.В. Маркова во тоа време), од причина што таа таа сакала да идентификува случаи на поткуп даден од илегални мигранти на училиштата, и од страна на раководителот на одделот за малолетници на Тољати во областа Самара (г-ѓа С.В. Волкова во тоа време), oд причина што сакала да открие случаи на деца кои живеат во лоши услови за живот. Тужената Влада истакна дека со истрагите кои следеле после тоа, било заклучено дека не биле издадени такви службени упатства од страна на Министерството за внатрешни работи. Сепак, кога во изолирани случаи, службените лица биле премногу ревносни, тие покасно биле казнети за нивните незаконити акти. Документите доставени од тужената Влада покажуваат дека службените лица за кои станува збор биле опоменати (выговор), биле деградирани и им биле изречени дисциплински мерки. Во текот на сослушувањето на сведоци, г-ѓа Кулагина, во тоа време, инспектор во одделот за организирање на активности на окружните полициски службеници кои постапуваат со малолетници како и нивните претпоставени, главен оддел за внатрешни работи, област Самара, и
г-н Шабас, во тоа време заменик раководител на одделот за внатрешни работи, северо-источен округ, Москва, ги потврдија тие информации и објаснија како биле спроведувани официјалните истраги и говореа за санкциите изречени на, помеѓу другите службени лица, г-ѓа Волкова и г-ѓа Маркова ...
38. Тужената Влада исто така достави допис од 5 декември 2006 година испратен од Заменикот на генералниот прокурор на Руската Федерација до сите прокурори во кој се посочува дека повеќе сектори за внатрешни работи постапувале незаконито во однос на државјани на Заедницата на независни држави (ЗНД). Тој посебно споменал неосновани барања испратени до училиштата со цел да се идентификуваат ученици од грузиска националност и го завршил својот допис повикувајќи ги сите обвинители да го интензивираат нивниот надзор над активностите на тие сектори со цел да се гарантира почитувањето на правата и слободите на државјани на ЗНД.Став на различни меѓународни владини и невладини организации
39. Меѓународните владини и невладини организации, се повикаа на координирана акција помеѓу управните и судските органи, изречно споменувајќи ја упатството од 2 октомври 2006 година (бр. 122721∕08) и на циркуларот бр. 0215 на Главната управа за внатрешни работи на Санкт Петербург и Ленинградската област од 30 септември 2006 година (извештај на PACE, параграфи 55 и 71, извештај на HRW, параграф 37, и извештај на FIDH, стр. 26 и 27). При сослушувањето на сведоци, г-н Орши, во релевантниот период, известувач на Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на СЕ, рекол дека протерувањето на голем број на грузиски државјани во текот на толку краток временски период не можело да биде спроведено без знаење и упатства на функционери на релативно високи позиции во руските органи.
40. Невладината организација FIDH, понатаму посочила, дека „организациите за човекови права и заштита на бегалци присутни во Русија сметаат дека кампања водена на толку воочлив начин низ цела руска територија можела да биде иницирана само со писмена наредба од некој на висока позиција во хиерархијата на Министерството за внатрешни работи. И иако највисоките функционери од Федералната миграциона служба и Министерството за внатрешни работи негирале дека издале изречни наредби со кои се таргетираат грузиски државјани, многумина од членовите „Миграција и право“ мрежа на „Мемориал“ [руска невладина организација за човекови права] виделе во регионалните сектори за внатрешни работи или полициски станици писмени [упатства] кои ги содржат сите елементи споменати во таа кампања. Случајот со [тајниот циркулар издаден од Главната управа за внатрешни работи во Санкт Петербург и Ленинградската област] и писмата испратени до училиштата во Москва (види параграфи 36 и 37 погоре) не може да се сметаат за изолирани случаи“ (извештај на FIDH, стр. 28-29; во однос на барањата за информации кои биле испратени до училиштата, види исто така извештај на PACE, анекс V, и извештај на HRW, стр. 37).
В. Изјави на сведоците во врска со спорните настани
1. Положба на грузиските државјани согласно имиграционите норми на Руската Федерација
41. Странките не се согласуваат во однос на тоа дали грузиските државјани кои биле протерани ги почитувале имиграционите правила во Руската Федерација во текот на релевантниот период, а на чија комплексност укажале многу меѓународни владини и невладини организации (види параграф 76 подолу).
42. Во поглед на сведоците Грузијци кои сведочеа, иако нивната правна положба во Руската Федерација се чинеше за збунувачка, Судот воочува дека повеќето од нив формално незаконски престојувале во Руската Федерација – некои од нив и повеќе години – од повеќе причини (на пример, немале валидна дозвола за работа, виза или потврда за пријавено престојувалиште, често издадени како фалсификат – без нивно знаење – од страна на многу приватни агенции чие дејствување е прилично распространето во Руската Федерација). Тие изјавија дека навистина нивните докумените биле понекогаш проверувани во минатото, што понекогаш водело до исплата на определен износ на пари, но дека ова било прв пат да бидат уапсени и присилно протерани од руска територија.
43. Г-н Патаридзе, кој во релевантниот временски период бил конзул на Грузија во Руската Федерација, кажа дека официјалните процедури биле тешки за спроведување во практика и дека многу странски државјани, вклучувајќи Грузијци, биле измамени од приватни агенции, многу од нив дејствувале илегално дури и издавале фалсификувани потврди за престојувалиште. Тој додаде дека во Руската Федерација луѓето често ги користеле услугите на таквите приватни агенции, кои се рекламирале на сите јавни места во големите градови ...
44. Г-н Азаров, кој во релевантниот временски период бил заменик раководител на одделот за контрола на имиграција, Федерална миграциона служба, во Москва, и г-н Кондратјев, кој тогаш бил инспектор од Одделот за „Checkout“ мерки бр. 2 во истиот оддел, посочија дека само официјалните органи биле овластени да издаваат такви документи и дека тие редовно објавувале релевантни информации за странски државјани. Тие ја потврдија практиката на тие споменатите приватни агенции, но нагласија дека нивните активности често биле илегални и дека тие биле предмет на кривични постапки, без, сепак, да дадат конкретни примери во тој поглед ...Aпсење, задржување и протерување на грузиски државјани
45. Спорните настани после сослушувањето на сведоци може да се резимираат на следниот начин: биле вршени проверки на идентитет на грузиски државјани на улици, пазари и други работни места и во нивните домови, по што тие биле апсени и носени во полициски станици. После определен временски период на задржување во полициски станици (којшто траел од неколку часа до еден или два дена, согласно сведочењето на сведоците), луѓето биле собирани во група и носени со автобус до судовите, кои во скратена постапка им изрекувале административни санкции и носеле одлуки со кои се наредува нивно административно протерување од руска територија. После тоа, а понекогаш и после извршени лекарски прегледи и анализа на крв, тие биле носени во прифатни центри за странци каде биле задржувани определен временски период (според изјавите на сведоците, во траење од два до четиринаесет дена), потоа носени со автобус до различни аеродроми во Москва, и протерувани во Грузија со авион. Треба да се посочи дека некои од грузиските државјани за кои биле донесени решенија за протерување ја напуштиле територијата на Руската Федерација на свој трошок.
a. Услови при апсење
46. Грузиските сведоци рекоа дека тие биле уапсени од руски полициски службеници под изговор дека нивните документи за утврдување на идентитет не биле уредни. Тие често не можеле со себе да ги земат нивните лични предмети или да ги известат нивните блиски. Според нив, кога тие прашале зошто ги апсат, им било одговорено дека тоа било затоа што биле Грузијци и дека постоела наредба донесена од некој повисок орган за протерување на грузиски државјани ...
47. Г-н Азаров, кој во релевантниот временски период бил заменик раководител на одделот за контрола на имиграција, Федерална миграциона служба, во Москва, и г-н Кондратјев, кој тогаш бил инспектор од Одделот за „Checkout“ мерки бр. 2 во истиот оддел, рекоа дека нивните оддели, врз основа на добиени информации, презеле мерки за проверка на идентитетот на странски државјани или работодавачи за кои постоело сомневање дека ги имале прекршено имиграционите правила на Руската Федерација.
б. Судски постапки
48. Сите сведоци Грузијци изјавија дека судовите носеле одлуки во многу кратка постапка. Тие често не ни имале сфатено дека се изведени пред суд ... Додека некои од нив споменаа сослушување од страна на судија, кое траело во просек пет минути и без суштинска анализа на фактичката состојба ..., други кажаа дека биле примени во судница и дека чекале по ходниците, па дури и во автобусите со кои биле донесени до судот ..., заедно со други грузиски државјани (нивниот број се движел од 15 до 150). Сведоците кажаа дека им било наредено да се потпишуваат на судски решенија без да имаат можност да ја прочитаат нивната содржина или без да добија копија од решението. Тие исто така немале пристап до толкувач или адвокат ... По правило, и судиите и полициските службеници ги одвраќале од поднесување жалби велејќи им дека постоела наредба за протерување на грузиски државјани, и во секој случај тие биле толку загрижени од можноста да бидат лишени од слобода подолго и толку биле нетрпеливи да се вратат во Грузија да би потпишале „било што“. Кога сведоците прашале зошто ги протеруваат, им било одговорено затоа што биле Грузијци и дека требало да го прашаат нивниот Претседател, г-н Сакашвили.
49. Г-н Патаридзе, конзул на Грузија во Руската Федерација во тоа време, кажа дека руски функционери во приватно својство му кажале дека такви жалби би биле бесмислени затоа што одлуката за протерување на Грузијци од Руската Федерација била политичка ...
50. Г-н Кондратјев, кој тогаш бил инспектор од Одделот за „Checkout“ мерки бр. 2 во истиот оддел, Одделение за контрола на имиграција, Федерална миграциона служба во Москва, постапките пред судовите ги опиша на следниот начин: обвинетиот се изведувал пред судија кој го информирал за неговите права и обврска, го прашувал дали сакал толкувач и адвокат да присуствуваат, и ако да, неговото барање било разгледувано; судијата потоа го прашувал обвинетиот прашања за деталите на неговата ситуација, ја напуштал просторијата и се враќал со решение. Ако се работело за решение за протерување, обвинетиот добивал копија и бил носен во прифатен центар за странци со цел да биде протеран/а. Обвинетиот имал десет дена за поднесување на жалба, дури и по протерувањето од Руската Федерација, и тој рок можел да биде продолжен ...
51. Г-н Манеркин, кој во релевантниот период бил раководител на одделение за надор над извршувањето на сојузно законодавство, канцеларија на Обвинителот, Москва, објасни дека во тоа време неговото одделение идентификувало процедурални неправилности посебно во однос на начинот на кој Федералната миграциона служба изготвувала извештаи за странски државјани од повеќе држави. Во 22 случаја наодите од тие извештаи довеле до укинување на решенијата за протерување на кои се однесувале тие извештаи. Тој додаде дека Генералниот прокурор надлежен за московскиот регион побарал од сите оддели да се погрижат правата на сите странски државјани да бидат соодветно почитувани. Тој кажа дека никогаш немало било какви упатства со кои се ограничуваат правата на грузиските државјани затоа што тоа би било спротивно на закон и дури и кривично дело согласно руското право.
в. Услови во кои биле лишени од слобода
52. Сведоците Грузијци говореа за „пренатрупаност“, „неподносливи“ и „нечовечки“ услови во просториите каде биле лишени од слобода како и ужасни хигиенски услови, и кажаа дека останатите кое биле таму биле вогласно грузиски државјани, иако понекогаш имало по еден или двајца притвореници со друго државјанство.
53. Сведоците кажаа дека додека биле задржани во полициски станици, просториите за задржување, кои биле викани „кафези за мајмуни“, биле мали и пренатрупани, дека мажи и жени понекогаш биле држени заедно и дека немало можност за седење ...
54. Сведоците кажаа дека во прифатните центри за странци просториите за задржување биле исто така пренатрупани: описот на големината на просториите се движел од 40 до 50 m2 за 100 лица, 22 до 25 m2 за 23 лица со десет кревети ..., 6 x 8 чекори [„footsteps“] за 30 лица со шест кревети ..., и 25 m2 со четириесет лица и 15 кревети ...Други сведоци споменаа мали простории со 7 или 8 лица или со 45 лица и 6 кревети ... Според нив, креветите се состоеле воглавно од железни решетки или многу тенки душеци без ќебиња; задржаните лица морале да спијат на смени; кофа служела за тоалет и не била одвоена од останатиот дел од просториите, и немало вода или пристоја храна.
55. Г-н Патаридзе, конзул на Грузија во Руската Федерација во релевантниот период, кажа дека тој и неговиот тим посетиле повеќе од дузина места за притвор во повеќе региони на Руската Федерација, вклучително и во Санкт Петербург и Москва. Тој потврди дека во сите места воглавно биле задржани грузиски државјани, дека просториите за задржување биле пренатрупани, дека условите биле многу тешки, дека хигиената била застрашувачка, и дека имало премалку кревети и душеци. Само казнено-поправната установа бр. 1 во Москва (модел установа која била покажувана на новинари) нудела подобри услови, иако и таму имало пренантрупаност ...
56. Г-н Азаров, кој во релевантниот временски период бил заменик раководител на одделот за контрола на имиграција, Федерална миграциона служба, во Москва, кажа дека тој раководел со осумте установи во Москва и дека тој ги посетил сите: условите биле исти за сите странци, имено, големи простории од приближно 50 m2, со кревети, посебни тоалети, вода и со топли оброци три пати на ден ... Други руски сведоци кажаа дека никогаш не биле доставени поплаки од страна на конзулот на Грузија или од страна на грузиски државјани во врска со условите во притвор.
г. Услови при протерување
57. Сведоците Грузијци кажаа дека тие и други грузиски државјани биле однесени со автобус, во придружба на службеници од специјалните полициски сили на Русија (ОМОН), до неколку аеродроми во Москва од каде што биле принудно пренесени со авион до Тбилиси. Тие рекоа дека тие биле понижувани од службениците на ОМОН, на пример со тоа што тие морале да платат во автобусот пред да им биде дозволено да употребат тоалет или да запалат цигара или да ги земат нивните лични предмети ..., и потоа морале да одат или дури да трчаат кон авионот со рацете позади грб низ човечки коридори од службеници на ОМОН. Првите грузиски државјани кои биле протерани летале со карго авион (на 6 октомври 2006 година), а следните со патнички авиони (на 10, 11 и 17 октомври 2006 година). Иако условите за транспорт во патничките авиони биле прифатливи, условите во карго авионот биле многу елементарни: сведоците Грузијци кажаа дека имало два реда на клупи на кои седеле жени и деца (околу дваесет), а мажите седеле на подот или морале да стојат, и дека никој вид на када служел како тоалет која била пренесувана од ред до ред. Според проценките бројот на грузиски патници во авионите се движел од 80 до 150.
58. Г-н Кондратјев, кој во релевантниот временски период бил инспектор од Одделот за „Checkout“ мерки бр. 2 во одделението за контрола на имиграција, Федерална миграциона служба, Москва, кажа дека карго авионите биле слични на патнички авиони со малку помалку комфор; во секој случај во нив имало седишта или клупи и сигурносни појаси, и имало тоалети фиксирани на подот. И тој самиот бил на летот со карго авион од 6 октомври 2006 година, и објасни дека летот траел околу три часа, дека имало околу 150 патника на летот и дека тие не се жалеле на условите за транспорт, туку дека се заблагодариле на припадниците на неговиот оддел при пристигнувањето во Тбилиси. Според него, на враќање, со истиот авион летале руски државјани од Грузија до Руската Федерација.
59. Г-н Азаров, кој во релевантниот временски период бил заменик раководител на одделот за контрола на имиграција, Федерална миграциона служба, во Москва, бил присутен на аеродромите Жуковское и Домодедово и дека се качил во два авиона кои пренесувале грузиски државјани протерани во Грузија. Тој рече дека авионите биле опремени со седишта и клупи, и дека се служела вода и бисквити.
60. Г-н Шевченко кој во релевантниот период бил Заменик раководител на Одделот за контрола на имиграција на Сојузната служба за имиграција, изјави дека тој бил присутен на аеродромот кога грузиските државјани биле протерани и нагласи дека немало ограничувања на багажот, напротив тие ги носеле своите лични предмети, а биле присутни и медиумите. Потоа, во писмо на благодарност испратено од Конзулот на Грузија до раководителот на Федералната миграциона служба во Дербент (Дагестан), конзулот им честитал на руските органи за нивната соработка во текот на процедурите за протерувања, и не доставил никаква поплака.
д. Ситуација во Грузија после протерувањето
61. Сведоците Грузијци нагласија дека ним им олеснило што се вратиле во Грузија и дека не планирале да се жалат против решенијата за протерување до конзулатот или амбасадата на Руската Федерација во Тбилиси. Во секој случај, во текот на постапките пред судовите во Руската Федерација, и судиите и полициските службеници неколку пати им кажале дека е бесполезно да поднесуваат жалби затоа што постоела наредба донесена од високо ниво за протерување на грузиски државјани. Некои од сведоците исто зборуваа за практични пречки како што е затворањето на рускиот конзулат во Тбилиси, додека пак други говореа за долгите редови за чекање пред конзулатот.
62. Г-н Василјев, конзул на Руската Федерација во Грузија во тоа време, кажа дека после репатријацијата во Руската Федерација на дел од дипломатскиот персонал во амбасадата во Тбилиси и конзулатот на крајот на септември 2006 година, амбасадата продолжила да работи вообичаено, со вообичаено работно време (од 9 до 16 часот), со намален број од петнаесет вработени (дипломати и административен персонал) во амбасадата и тројца дипломати во конзулатот. Затоа, грузиските државјани можеле да поднесат жалби или поплаки, лично или преку Министерството за надворешни работи на Грузија – кои би биле пренесени од соодветните органи во Руската Федерација, но такви жалби или поплаки не биле поднесени. Откако дипломатските односи помеѓу двете држави биле прекинати, од март 2009 година, Руската Федерација имала отворена канцеларија во швајцарската амбасада во Грузија, а Грузија имала канцеларија во швајцарската амбасада во Руската Федерација. Дипломатите на двете држави можеле да бидат контактирани таму ... Во дописот од 15 април 2011 година тужената Влада потврди дека после евакуацијата на дел од дипломатскиот персонал на крајот на септември 2006 година, десет припадници на дипломатскиот персонал продолжиле со работа во руската Амбасада во Тбилиси и тројца во конзулатот.
Г. Опис на спорните настани според повеќе владини и невладини организации
1. Oпшт преглед
63. Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на СЕ зборуваше за „селективна кампања на намерно прогонување по етничка основа, што е очигледно спротивно на смислата на член 14 и член 1 од Протокол бр. 12 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи (ЕКЧП) ... во која оваа група е очигледно таргетирана преку операции на специјалните милициски сили за гонење на населението од таа група по улиците, пазарите или пред стратешки места (грузискиот конзулат во Москва, грузиската Православна црква) ...’ (извештај на Парламентарното собрание, параграфи 52-53).
64. Невладините организации зборуваа за „масовни операции на контрола и репресија насочени против Грузијци во Москва и други руски градови“ (извештај на FIDH, точка II „анти-грузиска кампања од есента 2006 година“, стр. 20). Државјани на Грузија и „етнички Грузијци“ наводни биле жртви на намерна политика на лишување од слобода и протерување (извештај на HRW, стр. 1).
65. Невладината организација HRW ги цитираше коментарите на
г-ѓа Ела Памфилова, тогашен шеф на Консултативниот совет за човекови права и граѓанско опшество во Руската Федерација (државно тело кое го советува рускиот Претседател за сите прашања поврзани со граѓанското општество и човековите права), која рекла дека „административните и правните мерки кои се применуваат [против Грузијци] се неосновани: фирми кои вработуваат етнички Грузијци се затвораат, документи кои грузиски државјани ги добиле во Русија се отповикуваат, луѓето незаконски се лишуваат од слобода и [се протеруваат] од Русија“ (изјава од 8 ноември 2006 година, страница 30 од извештајот).
66. Г-ѓа Светлана Ганушкина, која во релевантниот период била член на истиот тој консултативен совет, и раководител на мрежата „Миграција и право“ , претседавач на Комитетот за граѓанска помош, и член на бордот на Центарот за човекови права „Мемориал“, рекла во 2006 година дека постоело „организирано прогонување на грузиски државјани“. Таа сметала дека таквото „вознемирување на конкретна група на луѓе било облик на недопустлива дискриминација која во никој случај не можела да се смета за правна метода за справување со илегалната миграција“ (говор во Европскиот парламент на 21 ноември 2006 година).
67. И други европски институции исто така ја искажале својата загриженост во врска со големиот број на протерани Грузијци и побарале од руските органи да ги отповикаат сите мерки преземени против грузиски државјани кои живеат на руска територија (говор од 25 октомври 2006 година на г-ѓа Фереро-Валднер, член на Европската комисија за надворешни односи и европска политика на соседство; заедничко барање за резолуција од 6 март 2007 година на Европскиот Парламент за ситуацијата во Јужна Осетија, точки I. и 11 и 12; изјава од 15 декември 2006 година на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ)).
2. Апсење, задржување и протерување на грузиски државјани
a. Услови на апсење и судски постапки
68. Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (СЕ) кажал дека „рутината на протерувања“ се вршела по еден модел низ целата земја: „Грузијци запрени на улица со изговор проверка на нивните документи биле лишувани од слобода без оглед дали нивните документи биле уредни или не, и носени до милициски станици каде биле собирани во големи групи и носени во судовите, каде се носеле решенија за изрекување административна санкција протерување од руска територија врз основа на прелиминарен договор со судовите, без адвокати и без судовите да ги разгледуваат фактите на конкретниот случај, а целата процедура траела од две до десет минути. Често, лицата кои биле подложени на овие мерки, не биле ниту примени во судница, тие чекале во ходници или дури и во возила со кои биле донесени до судот“ (извештај на Парламентарното собрание на СЕ, параграф 59).
69. Tој опис на работите соодветствува на описот даден од невладините организации FIDH и HRW (извештај на FIDH , стр. 23-26 под II-2 „Тек на кризата и видови на прогонување“a) “Контрола и операции на апсење“, б) „Флагрантно кршење на правда и заобиколување на процедурите“, и извештајот на HRW, стр. 40-53 под наслов „Арбитрерно и незаконско лишување од слобода на Грузијци“).
70. Според невладината организација HRW, „иако за многумина [грузиски државјани] можеби постоело судско решение со кое се наредува нивно протерување, начинот на кој тие решенија биле носени (некои решенија биле носени во групни судења), немањето на адвокат и способност да се подготви одбрана против решението за протерување, и фактот дека на многумина им било оневозможено правото на жалба, покажувале дека Русија не ги исполнила своите обврски од ЕСЧП“ (извештај на HRW, стр. 13).
71. Невладината организација FIDH пак, посочила дека „уапсените лица биле носени во групи до судовите, кои во рок од неколку минути носеле решенија за нивно протерување од Русија, на што претходел период на задржување во прифатен центар за странци (кратенка на руски јазик, ТсВСИГ), без оглед на условите или семејната ситуација на конкретно лице“ (извештај на FIDH, стр. 25).
FIDH додаде дека адвокат од „Граѓанска помош“, руско здружение, „бил сведок во неколку наврати на масовни неправилности во функционирањето на судскиот систем во текот на кампањата: не само што уапсените немале право на адвокат, туку тие најчесто од страна на полициски службеници биле носени во групи до судовите. Во судовите, судиите постапувале по предметите како во фабрички погон и обично без присуство на оние на кое се однесувале решенијата за протерување и без ниту да ги разгледаат околностите на секој поединечен случај. Тие решенија им биле давани на уапсените, и многумина ги потпишувале мислејќи дека потпишуваат парична казна како дел од низата можни административни санкции за прекршоци против законските одредби за имиграција. Во неколку прилики, засегнатите лица биле однапред обесхрабрувани да не поднесуваат жалби од причина што „тоа само би ги влошило работите“. Во некои случаи биле потпишувани „договори“ во име на лицата кои требало да бидат депортирани“ (извештај на FIDH, стр. 26).
Невладината организација FIDH исто така прецизирала дека „повеќе фактори укажуваат на здружено дејстување на полицијата и судските органи, заклучувајќи дека оваа политика била осмислена однапред: во Москва докази за такво дејстување на полицијата и судовите се гледале во фактот што судовите не закажувале рочишта за други предмети во текот на временскиот период во кој полицијата носела Грузијци во судовите. Тие биле апсени во 9 часот наутро и носени во група во судовите во 10 часот. Судовите носеле поголем број на решенија во период од неколку дена отколку што вообиачено носеле за период од шест месеци“ (извештај на FIDH, стр. 26).
б. Услови при задржување и протерување
72. Во однос на условите при задржување и протерување, Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на СЕ се повикал на сведоците кои ги сослушал во текот на мисијата спроведена од известувачите кои говореле за „пренатрупаност“ и „неподносливи“ и „нечовечки“ услови.. Ним не само што не им била дадена лекарска помош, туку исто така немале никаква можност да ги задоволат своите основни потреби.
Tаа ситуација довела до смрт на четиересет и осум годишен грузиски државјанин, Тенгиз Тогонидзе, кој, според сведоците, боледувал од астма. Откако бил во притвор две недели без лекарска грижа и без да може да излезе на свеж воздух, тој починал после патување кое траело седум часа од казнено-поправната установа во Санкт Петербург до меѓународниот аеродром во Москва – Домодедово на 17 октомври 2006 година. Заменик раководителот на Федералната миграциона служба во тоа време, г-н Туркин, кажал дека конкретната установа била во процес на затворање. Мониторинг комитетот исто се повикал на случајот на грузиска државјанка, Манана Џабелиа, 52 години, која починала на 2 декември 2006 година во казнено-поправната установа бр. 2 во Москва после два месеци несоодветна лекарска грижа и откако не ѝ била одобрена итна лекарска помош (извештај на Парламентарното собрание на СЕ, параграф 60).
На крај, Мониторинг комитетот ги споменал условите во кои грузиските државјани биле транспортирани во карго авиони на почетокот на 2006 година. Тоа било сторено во спротивност со нормите на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство затоа што таквиот превоз на патници бил живото-загрозувачки (извештај на Парламентарното собрание на СЕ, параграф 57).
73. Невладината организација FIDH прецизирала дека имало „осум прифатни центи за странци (кратенка на руски јазик, ТсВСИГ) во Мсква и околните области, кои воглавно биле пренаменети од простории за трезнење. Центрите бр. 1 (округ Новослободскаја), бр. 2 (во Переделкино) и бр. 8 (во Мневники) биле посетени од вработени на Комитетот „Граѓанска помош“. Пред центарот кој се наоѓа на улицата Димитровское шосе, имало колона од полициски автомобили долга речиси 2 км кои чекаат за да ги остават уапсените лица во центарот со капацитет за околу 320 лица. Задржаните лица рекле дека имало шеснаесет лица во просторија наместо по осум, и дека порциите на храна е биле зголемени. Понатаму, имаше толку многу луѓе да центарот за странци немал ни време да ги подготви документите за ослободување на задржаните лица.“ FIDH исто така споменува четири случаи на смрт во прифатните центри или во текот на патување пред протерување (извештај на FIDH, стр. 26-27 под (в) „Услови во установи за задржување на лица и смрт на лица кои се задржани“).
74. Невладината организација HRW известува за слични факти и исто така се повика на смрт на четири задржани лица (извештај на (HRW, стр. 53-57 под наслов „Смрт на Грузијци во притвор“, и стр. 57-63 во делот „Нечовечко и понижувачко постапување“).
По првата точка, HRW исто така се повика на случајот на г-н Тогонидзе и г-ѓа Џабелиа, кои наводно биле подложени на тешки услови и не им била дадена потребната лекарска грижа, што довело до нивна смрт. Исто така беше спомената и смртта на уште двајца други грузиски државјани. Понатаму, руските органи наводно не спровеле соодветна истрага после смртта на тие лица и покрај нивната обврска тоа да го сторат согласно член 2 од Европската конвенција за човекови права.
По втората точка, HRW посочи дека многу грузиски државјани биле подложени на нечовечко и понижувачко постапување поради лошите услови во кои биле задржани и условите при протерување (пренатрупани ќелии, недостаток на вода и храна, и транспортирање на повеќе од стоттина грузиски државјани со карго авион).
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКТИКА
A. Закони за имиграција и конкретната положба на грузиските државјани
75. Влезот и престојот на имигранти се регулирани со два закона: Сојузниот закон бр. 115-ФЗ oд 25 јули 2002 година за правниот статус на странски државјани во Руската Федерација и Сојузниот закон бр. 109-ФЗ oд 18 јули 2006 година за пријавување на престој во Руската Федерација на мигранти кои се странски државјани или лица без државјанство.
Од влегувањето во сила на 29 октомври 2002 година на Законот за правниот статус на странски државјани, сите државјани на ЗНД, вклучувајќи ги и грузиските државјани, се должни да го регулираат нивниот статус со поднесување барање за дозвола на престој, иако претходно законски престојувале на руска територија. Согласно член 20 и член 21 од тој Закон, тие исто така мора да пријават живеалиште пред локалните канцеларии на руската Сојузна служба за миграции, со цел да добијат потврда во која е наведено нивното претојувалиште. Ако тие сакаат да вршат професионална активност должни се да добијат работна дозвола и работничка книшка за странци во согласност со член 13. Деловна виза (деловая) со различно време на важност им се издава на странски државјани кои сакаат да учестуваат на семинар или да имаат деловни контакти во Руската Федерација, но не им дава право да работат легално.
Покрај тоа почнувајќи од 5 декември 2000 година, после откажувањето на Договорот од Бишкек од 9 октомври 1992 година за безвизен режим за граѓаните на неколку земји членки на ЗНД, меѓу кои и Грузија, сите грузиски државјани мора да добијат виза за влез на руска територија.
Б. Став на повеќе меѓународни владини и невладини организации
76. Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (СЕ), невладината организација FIDH и Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) го нагласија отсуството на преодни одредби во Законот од 25 јули 2002 година за правниот статус на странски државјани во Руската Федерација како и комплексноста на постапките за добивање дозволи за престој, потврди за престојувалиште или работни дозволи, со што странците се ставале во неизвесна положба (види извештај на Парламентарното собрание на СЕ, параграф 54, извештај на FIDH стр. 12-13, кој исто така се повикува на заклучоците од 2 јуни 2003 година на Комитетот на ООН за елиминација на расна дискриминација (КЕРД), документ CERD/C/62C0/7, и третиот извештај на ЕКРИ од 16 декември 2005 година за Руската Федерација, ЕКРИ (2006) 21).
В. Постапка за административно протерување
77. Секој странски државјанин кој ќе ги прекрши законските одредби на Руската Федерација кои се однесуваат на странци (член 18.8, член 18.10 и член 18.11 oд Законот за административни прекршоци) е подложен на административни санкции и може да биде протеран (член 3.2). Секоја одлука која се однесува на обвинение од административен карактер кое може да доведе до протерување од Руската Федерација ја донесува судија од редовен суд (член 23.1, став 3). Може да се поднесе жалба до суд или второстепен суд во рок од десет дена (член 30.1, став 1, член 30.2,став 2 и член 30. 3, став 1). Овој рок може да биде продолжен по барање на лицето кое се протерува (член 30.3, став 2). Жалба против решение за административно протерување се разгледува во рок од еден ден по поднесување (член 30.5, став 3), за неа не се плаќаат судски такси и има суспензивно дејство (член 31.1, член 31.2, став 2, и член 31.3, став 1, 2 и 3). На крај, странски државјанин може се обрати до судовите кои одлучуваат по ревизија против одлука за административно протерување која станала извршна (пресуди на Уставниот суд од 22 април 2004 година и 12 април 2005 година за уставност на член 30.11, став 1, 2 и 3 oд Законот за административни прекршоци).
III. БАРАЊА НА СТРАНКИТЕ
A. Владата жалител
78. Владата жалител побара од Судот да утврди
„I. Во однос на допуштеноста на тужбата:
a. Дека наводите на жалителот се допуштени затоа што правилото за искористување на домашните правни лекови не се применува во оваа постапка. Тоа е случај затоа што наводните повреди дел од репетитивен вид и се однесуваат на акти кои се неспојливи со Конвенцијата, а кои било официјално толерирани од руските органи и оттука претставуваат административна практика.
б. Потоа, дека наводите на тужителот се допуштени затоа што правилото за искористување на домашните правни лекови не се применува во оваа постапка затоа што домашните лекови во Руската Федерација не биле ефикасни и достапни во смисла на Конвенцијата затоа што имало специјални околности кои ги ослободуваат грузиските државјани и лица со грузиска етничка припадност од обврската да ги искористат тие лекови.
в. Дека тужбата била поднесена во рокот од шест месеци.
II. Основаност на тужбата: Дека Руската Федерација ги прекршила член 3, член 5, член 8, член 13, член 14 и член 18 oд Конвенцијата, член 1 и член 2 од Протокол бр. 1, член 4 од Протокол бр. 4 и член 1 од Протокол бр. 7.
III.Обештетување: Дека државата жалител има право на правично задоволување за овие повреди кое налага мерки на репарација и компензација на оштетената страна.“
79. Во поглед на последната точка, Владата побара Судот „да определи правично задоволување согласно член 41, имено, надомест на штета, репарација, враќање во поранешна состојба, и друг облик на обештетување кој ќе биде прецизиран за сета материјална и нематеријална штета претрпена од оштетените страни како последица на утврдените повреди како и надомест на трошоци, издатоци кои произлегуваат од водењето на оваа постапка.“
80. На јавната расправа по допуштеност на тужбата, Владата жалител изречно посочи дека индивидуалните случаи опишани во тужбата на кои се повикале сведоците Грузијци при нивното сослушување биле наведени само за да се илустрира постоењето на административна практика. Понатаму, дваесет и тројца грузиски жалители (тројца од нив сослушани како сведоци) исто така вложиле поединечни жалби до Судот.
Б. Тужената Влада
81. Тужената Влада пак, истакна дека
„сослушувањето на сведоци од страна на делегација на судии на Големиот судски совет на Судот во целост го поткрепува ставот на органите на Руската Федерација дека тужбата Грузија против Русија (1) во која се тврди дека се повредени член 3, член 5, член 8, член 13, член 14 и член 18 од Конвенцијата, член 1 и член 2 од Протокол бр. 1, член 4 од Протокол бр. 4 и член 1 од Протокол бр. 7 од Конвенцијата, е неоснована. Во текот на сослушувањето на сведоците, не беа изведени докази со кои би се покажало дека во релевантниот временски период Руската Федерација спроведувала административна практика и колективно протерување на грузиски државјани.
Во текот на сослушувањето на сведоците, аргументите на руските органи беа објективо докажани во поглед на тоа дека во Русија постојат ефикасни правни лекови кои, сведоците на кои им било одредено административно протерување од територијата на Русија, како и останатите грузиски државјани кои сметале дека нивните права биле повредени од руските органи во тој временски период, требало да ги искористат пред да се обратат до Судот. Затоа, земајќи ја предвид допуштеноста на меѓудржавната тужба Грузија ппротив Русија (1) oд 30 јуни 2009 година, чие испитување беше приклучено кон испитувањето на основаноста на наводите за рокот од шест месеци како и за искористување на домашните правни лекови, властите на Руската Федерација се убедени дека оваа тужба нема да биде мериторно разгледана (види ја пресудата на Судот во Маркин против Русија, жалба бр. 59502/00, 30 март 2006 година)“.
ПРАВОУТВРДУВАЊЕ НА ФАКТИТЕ И НАЧЕЛА ЗА ОЦЕНА НА ДОКАЗИТЕ
82. Пред да пристапи кон мериторно разгледување на тужбата и оцена на доказите по секој навод поединечно, Судот ќе ги наведе сите писмени и усни докази кои ги имаше предвид како и начелата на оцена за доказите кои ќе ги применува.
A. Утврдување на фактите
83. Со цел да ги утврди фактите Судот се водеше од опсервациите на странките и од бројните документи кои тие ги доставија како и на изјавите на сведоците коии беа сослушани во Стразбур.
84. Судот иста така имаше предвид извештаи на меѓународни владини и невладини организации како Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, HRW, FIDH и годишниот извштај за 2006 година на Комесарот за човекови права на Руската Федерација (рускиот Омбудсман). Дел од документите доставени од Владата жалител исто така се содржани во тие извештаи.
1. Дополнителни писмени докази
85. Понатаму, со дописи од 28 јуни 2010 година и 8 март 2011 година и во текот на сослушувањето на сведоци, Судот побара од тужената Влада да ги достави следните дополнителни документи:
i) месечни статистички податоци во врска со протерувањето на грузиски државјани во 2006 и 2007 година, за да овоможи споредување со бројот на протерувања пред и после октомври 2006 година, кога наводно започнале масовни апсења и протерувања на грузиски државјани; тужената Влада одговори дека водела само годишни и полугодишни статистички податоци кои веќе ги доставила до Судот;
ii) циркуларот бр. 0215 на Главната управа за внатрешни работи во Санкт Петербург и Ленинградската област и циркуларот бр. 849 на Министерството за внатрешни работи издадени на крајот на септември 2006 година и на кои се повикуваат документите поднесени од Владата жалител; тужената Влада ја оспори автентичноста на тие документи и изјави дека не може да ги достави циркуларите за кои станува збор затоа што тие биле класифицирани како „државна тајна“ (види параграф 32 погоре);
iii) списите кои се однесуваат на дисциплински постапки иницирани против руски службени лица кои до повеќе училишта во Русија испратиле барања за листи на ученици Грузијци; тужената Влада достави копии од повеќе документи во кои се посочени дисциплинските санкции кои им биле изречени на конкретните службени лица;
iv) статистички податоци за бројот на одлуки донесени по жалба од страна на руските судови, а против решенија за протерувања на грузиски државјани во текот на временскиот период за кој станува збор (октомври 2006 година до јануари 2007 година), во нејзиниот одговор од 15 април 2011 година тужената Влада повтори дека не води месечни статистички податоци во врска со протерувањето на грузиски државјани (државјанството на извршителите на административни прекршоци не било содржано во статистичките извештаи на редовните судови, а електронска база на податоци за целата Руска Федерација почнала да се води дури од 2010 година), но дека сепак можела да обезбеди податоци од судовите од осумнаесет региони на Руската Федерација за конкретниот период кои би биле рачно обработени, давајќи му на Судот копии од 86 одлуки по жалба. Треба да се спомене дека само 42 од тие одлуки се однесуваат на грузиски државјани протерани во периодот за кој станува збор, и со 21 од нив се укинуваат решенијата на првостепените судови. Понатаму, од 86-те одлуки по жалба доставени до Судот, само 8 се однесуваат на градот Москва и 17 на градот Санкт Петербург, додека пак најголемиот број на протерувања на грузиски државјани биле во овие два града. На крај, една одлука донесена по жалба од осумте кои се однесуваат на Москва и 12 одлуки по жалба од 17 одлуки кои се однесуваат на Санкт Петербург се однесуваат на враќање на одлучувањето до административните органи од причина што полициските службеници директно ги одвеле грузиските државјани до судовите без претходно да бидат изведени пред Федералната миграциона служба како што е предвидено со закон.
2. Сослушување на сведоци
86. Во текот на неделата од 31 јануари до 4 февруари 2011 година, делагацијата на судии на Големиот судски совет сослуша вкупно дваесет и еден сведок, од кои девет сведоци беа предложени од Владата жалител, десет од тужената Влада и двајца без избрани од делегацијата.
87. Деветте сведоци предложени од Владата жалител (освен сведокот бр. 8, сопругата на покојниот г-н Тогонидзе и која била „индиректен“ сведок на настаните, и г-н Патаридзе, конзул на Грузија во Руската Федерација во релевантниот период) се грузиски државјни кои биле уапсени, задржани и протерани од руските органи. Нивните изјави се однесуваа на условите при апсење, условите во кои биле задржани и условите при протерувањето есента 2006 година.
88. Десетмината сведоци предложени од тужената Влада се службени лица на Руската Федерација, а нивните изјави се однесуваа посебно на условите при апсење, задржување и протерување на грузиски државјани, статистичките податоци и автентичноста на упатствата издадени од Управата за внатрешни работи на Санкт Петербург и Ленинградската област и циркуларите на кои тие упатства се повикуваат.
89. Двајцата сведоци избрани од Судот се г-н Орши, известувач на Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа во тоа време, и г-н Тугуши, тогашен функционер надлежен за прашања поврзани со човекови права во мисијата на ОБСЕ во Грузија.
90. Делагацијата исто така планирала да сослуша и други сведоци, меѓу кои и г-н Пиотровскиј, кој во релевантниот период бил вршител на должноста раководител на Главната управа за внатрешни работи во Санкт Петербург и Ленинградската област, и за кој се претпоставува дека го потпишал упатството од 2 октомври 2006 година чија цел е да „се зајакне ефикасноста на имплементиранњето ... циркуларот бр. 0215 oд 30.9.2006 година“ (види параграф 31 погоре). Еден ден пред да биде сослушан претставникот на тужената Влада посочи дека г-н Пиотровскиј бил итно однесен во болница и за тоа достави лекарско уверение.
91. Делегацијата исто така сакаше да го сослуша г-н Лукин, во релевантниот период Комесар за човекови права на Руската Федерација, но тој не одговори на поканите на Судот.
92. На крај, делегацијата исто така сакаше да ја сослуша, г-ѓа Памфилова, во релевантниот период шеф на Консултативниот совет на Претседателот за човекови права и граѓанско општество во Руската Федерација. Сепак, таа не можела да биде испитана како сведок затоа што, како што беше објаснето во дописот од 15 октомври 2010 година, тужената Влада го известува Судот дека г-ѓа Памфилова повеќе не била јавен функционер, туку приватно лице и затоа на Судот не можело да му се достави нејзината адреса. Треба повторно да се нагласи дека државите договорнички имаат обврска да доставуваат судски покани од Судот на секој сведок кој престојува на нивна територија (види правило A5, став 4, прва реченица, oд анексот на Правилата на Судот).
Б. Начела на оценување на доказите
93. При оценувањето на докази Судот го има усвоено стандардот на докажување „надвор од разумно сомневање“ [“beyond reasonable doubt”] којшто Судот го воспостави во два меѓудржавни спорови (види Ирска против Обединетото Кралство, 18 јануари 1978 година, параграф 161, Издание A бр. 25, и Кипар против Турција [ГСC], бр. 25781/94, параграф 113, ECHR 2001‑IV) и кој оттогаш стана дел од неговата воспоставена судска практика (види, помеѓу останатите, Ilaşcu и други против Молдова и Русија [ГСC], бр. 48787/99, параграф 26, ECHR 2004‑VII, и Давидов и други против Украина, бр. 17674/02 и 39081/02, парагарф 158, 1 јули 2010 година).
94. Сепак, никогаш негова цел не била да го позајми пристапот на домашните правни системи кои го употребуваат тој стандард во кривични предмети. Улогата на Судот не е да одлучува за вина согласно одредбите на кривичниот закон ниту за граѓанска одговорност, туку за одговорноста на државите договорнички од аспект на Конвенцијата. Специфичноста на неговата улога согласно член 19 од Конвенцијата – да го осигура почитувањето од страна на високите договорни страни на нивните обврски да ги гарантираат основните права заштитени со Конвенцијата – го условува неговиот пристап кон прашањата за докази и докажување. Во постапката пред Судот, не постојат процедурални пречки за допуштеностна на доказите или однапред утврдени формули за нивна оцена. Судот усвојува заклучоци кои според него се поткрепени со слободна оцена на сите докази, вклучително и со такви посредни заклучоци кои произлегуваат од фактите и аргументите на странките. Според воспоставената практика на Судот, доказите може да се изведат од истовременето постоење на доволно силни, јасни усогласени посредни заклучоци или на слични несоборени претпоставки на факти. Понатаму, степенот на убедување потребен за донесување на определен заклучок и во тој поглед, распределбата на товарот на докажување се неразделно врзани со специфичноста на фактите, природата на наводите и правото од Конвенцијата за кое се одлучува. Судот исто така е внимателен кон сериозноста која произлегува од одлука дека една држава договорничка повредила основни права (види, помеѓу другото, Начова и други против Бугарија [ГСC], бр. 43577/98 и 43579/98, параграф 147, ECHR 2005-VII, и Mathew против Холандија, бр. 24919/03, параграф 156, ECHR 2005‑IX).
95. При утврдувањето дали постои административна практика, Судот нема да се потпира на концептот дека товарот на докажување е на едната или другата Влада, туку ќе ги анализира документите со кои располага, од кој извор и да потекнуваат (види Ирска против Обединетото Кралство и Кипар против Турција, цитирани погоре, ibid.). Понатаму, однесувањето на странките во врска со напорите на Судот да добие докази може да претставува елемент кој ќе се земе предвид при неговата оцена (види Ирска против Обединетото Кралство; Ilaşcu и други; и Давидов и други, цитирани погоре, ibid.).
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 38 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
96. Имајќи го предвид континуираното одбивање на тужената Влада на Судот да му достави копии од двата циркулара бр. 0215 и 849 oд септември 2006 година, издадена од Главната управа за внатрешни работи за Санкт Петербург и Ленинградската област и Министерството за вантрешни работи на Руската Федерација (види параграф 30 погоре), Судот смета дека е соодветно да ја започне анализата на овој случај испитувајќи дали тужената Влада ја исполнила својата процедурална обврска од член 38 од Конвенцијата, кој е формулиран на следниот начин:
„Судот ќе го разгледа случајот заедно со претставници на страните и, доколку е потребно, ќе покрене истрага, за чие ефективно спроведување засегнатите Високи страни договорнички ќе ги обезбедат сите неопходни услови.“
A. Аргументи на странките
1. Владата жалител
97. Владата жалител истакна дека тужената Влада не дала доволно објаснување за нејзиното одбивање на Судот да му ги достави циркуларите бр.0215 и бр.849. Повикувајќи се на релевантна судска практика на Судот, Владата побара Судот да изведе позитивни заклучоци во поглед на основаноста на нејзините наводи и да заклучи дека имало повреда на член 38 од Конвенцијата.
2. Tужената Влада
98. Тужената Влада пак, изјави дека не можела на Судот да му ги достави циркуларите затоа што тие биле класифицирани како „државна тајна“ и не можеле да бидат објавени. Според Министерството за внатрешни работи на Руската Федерација, циркуларите не содржеле никаква наредба со која од административните ентитети на Руската Федерација се бара да преземат мерки со кои свесно се прекршуваат правата на грузиските државјани. Во текот на сослушувањето на сведоци г-н Никишкин, Заменик раководител на правен сектор, Министерство за внатрешни работи, Москва, во моментот на сослушувањето, потврди дека упатството од 2 октомври 2006 година наводно издадено од Главната управа за внатрешни работи на Санкт Петербург и Ленинградската област било фалсификуван документ и дека двата циркулара бр. 0215 и бр. 849 (вториот циркулар всушност бил телеграма) биле класифицирани како „државна тајна“ кои се однесувале на повеќе криминални групи чии членови биле од различни држави, но не се применувале селективно само во однос на грузиски државјани. Нивното објавување било забрането согласно руското право ...
Б. Оцена на Судот
1. Општи начела
99. Судот ги повторува следните општи начела кои ги има развиено во однос на индивидуални жалби и кои треба исто така да се применуваат и во меѓудржавни случаи:
„... за ефикасното функционирање на системот на поединечна жалба поднесена согласно член 34 од Конвенцијата од најголема важност е државите да ги обезбедат сите потребни услови за да се овозможи правилно и ефикасно разгледување на жалбите. Оваа обврска ги обврзува државите договорнички на Судот да му ги обезбедат сите потребни услови, дали со спроведување на истраги за утврдување на факти или со вршење на општи должности во однос на испитувањето на жалбата. Ако Владата не достави такви информации со кои располага без задоволително објаснување тоа може не само до доведе до изведување на заклучоци за основаноста на наводите на жалителот, туку исто така може и негативно да се одрази врз степенот на исполнување на обврските од член 38 од Конвенцијата од страна на тужената држава (види Tahsin Acar против Турција [ГСC], бр. 26307/95, параграфи 253-54, ECHR 2004‑III; Timurtaş против Турција, бр. 23531/94, параграфи 66 и 70, ECHR 2000‑VI; и Tanrıkulu против Турција [ГСC], бр. 23763/94, параграф 70, ECHR 1999‑IV).”
(види Janowiec и други против Русија [ГСC], бр. 55508/07 и бр.29520/09, параграф 202, ECHR 2013).
2. Примена на тие начела
100. Во случајот кој е предмет на разгледување Судот воочува дека во допис од 28 јуни 2010 година побара тужената Влада да му достави копии на циркуларите бр. 0215 и бр. 849 – на кои се повикува упатството бр. 122721/08 oд 2 октомври 2006 година издадено од Главната управа за внатрешни работи на Санкт Петербург и Ленинградската област, наредбата од 2 октомври 2006 година (бр. 12272/11) издадена од вршителот на должност началник на полицијата во Санкт Петербург и Ленинградската област, и информативната белешка од 18 октомври 2006 година издадена од Федералната миграциона служба (види параграфи 30 и 31 погоре) – за кои Судот смета дека се документи од суштинска важност за утврдување на фактите во овој случај.
101. При сослушувањето на сведоците делегацијата на судии усно го повтори пред застапникот на тужената Влада барањето на Судот за доставување копии од двата циркулара, обрнувајќи му внимание на правилата 44 A-В (Должност да се соработува со Судот) и правило 33 (Јавен карактер на документите) од Правилата на Судот.
102. Во втор допис од 8 март 2011 година Судот го потврди своето барање по писмен пат и исто така се повика на гореспоменатите правила, изречно кажувајќи, во согласност со текстот на правило 44в дека „кога една странка нема да достави докази или да ги обезбеди информациите кои ги побарал Судот или да достави релевантни информации самоиницијативно или на друг начин не учествува ефикасно во постапката, Судот може да изведе такви заклучоци какви што смета дека се соодветни.“
103. Тужената Влада пак, не го оспори постоењето на циркуларите, туку истакна дека нивната содржина не одговарала на наводите на Владата жалител, истовремено одбивајќи на Судот да му ги достави копиите од причина што документите биле класифицирани како „државна тајна“ и нивното откривање било забрането согласно руското право.
104. Судот повторува дека „во случаи во кои постојат спротивставени верзии за настаните, Судот кога ги утврдува фактите неизбежно е соочен со потешкотии се какви се соочува првостепен суд. Во случаи како случајот кој е предмет на разгледување, кога тужената Влада има ексклузивен пристап до информации кои може да ги потврдат или негираат наводите на [Владата] жалител, секоја несоработка од страна на Владата без задоволително објаснување може да доведе до тоа да Судот изведе заклучоци во поглед на основаноста на наводите на [Владата] жалител (види Имакајева против Русија, бр. 7615/02, параграф 111, ECHR 2006‑XIII (извадоци)).
105. Понатаму, како што Судот веќе има посочено во предмети поврзани со документи кои се класифицирани како „државна тајна“, тужената Влада не може да се повика на одредби од домашното право за да го оправда своето одбивање да го исполни барањето на Судот за доставување на докази (види, mutatis mutandis, Давидов и други, цитиран погоре, параграф 170; Нолан и К. Против Русија, бр. 2512/04, § 56, 12 февруари 2009; и Јановиец и други, цитиран погоре, параграф 206).
106. На крај, Судот воочува во овој предмет дека тужената Влада не даде конкретно објаснување за тајноста на циркуларите кои се во прашање. Затоа Судот има сериозни сомневања во поглед на таквата класификација затоа што дури и ако биле интерни документи, за да бидат имплементирани со нив би требало да бидат запознати голем број на државни функционери од различни нивоа на администрацијата.
107. Затоа Судот повторува дека еден од критериумите кои ги има усвоено при оценувањето на тајноста на даден документ е дали тој му бил познат некому надвор од тајните служби и највисоките државни функционери (види, mutatis mutandis, Нолан и К., цитиран погоре, параграф 56, и Јановиец и други, цитиран погоре, параграф 206).
108. Дури и ако се претпостави дека тужената Влада имала легитимни безбедносни интереси да не ги открие конкретните циркулари, треба да се посочи дека Судот ја извести за можностите предвидени со правилото 33, став 2 oд Правилата на Судот со кои се ограничува пристапот на јавноста (види, mutatis mutandis, Шамајев и други против Грузија и Русија, бр. 36378/02, параграфи 15-17, 246 и 362, ECHR 2005‑III, каде Претседателот на Судскиот совет даде гаранции за доверливост на определени документи доставени од руската Влада).
109. Имајќи ги предвид сите овие фактори, Судот смета дека тужената Влада не ја исполни својата обврска наложена со член 38 од Конвенцијата да ги обезбеди сите услови за Судот во неговата задача да ги утврди фактите на случајот. Судот ќе ги изведе сите заклучоци кои цени дека се релевантни во поглед на основаноста на наводите на Владата жалител во однос на меритумот на предметот.
110. Оттука, во предметот има повреда на член 38 од Конвенцијата.НАВОДНО ПОСТОЕЊЕ НА АДМИНИСТРАТИВНА ПРАКТИКА, ИСКОРИСТУВАЊЕ НА ДОМАШНИТЕ ПРАВНИ ЛЕКОВИ И РОКОТ ОД ШЕСТ МЕСЕЦИ
111. Судот повторува дека Судскиот совет во неговата одлука за допуштеноста на тужбата воччил дека постојат „prima facie докази“ за постоење на административна практика, но дека кон мериторното одлучување го приклучи „испитувањето на сите други прашања во врска со постоењето и опсегот на таквата административна практика, како и компатибилноста на таа практика со одредбите на Конвенцијата“ и прашањето за примената на рокот од шест месеци. Судот како тесно поврзано со постоењето на административна практика кон мериторното одлучување го приклучи и „прашањето на примена на правилото за искористување на домашните правни лекови и почитувањето на тоа правило во околностите на предметот кој Судот го разгледува“ (види Грузија против Русија (I) (одлука), бр. 13255/07, параграфи 44‑46 и 50, 30 јуни 2009 година).
A. Административна практика и искористување на домашните правни лекови
1. Аргументи на странките
a. Aдминистративна практика
i. Аргументи на Владата жалител
112. Владата жалител тврдеше, како нејзин главен аргумент, дека двата конститутивни елемента на административна практика, имено, повторувањето на акти и официјално толерирање на тие акти, биле исполнети во овој случај.
113. Во поглед на повторувањето на акти, сведоците повикани од Владата жалител пред делегацијата на судии на Големиот судски совет потврдија дека апсењето, задржувањето и протерувањето на грузиските државјани од страна на Руската Федерација есента 2006 година биле од организиран карактер. Понатаму, иако тие претходно никогаш не се соочиле со проблеми, наеднаш нивните документи се сметале за неуредни. Тоа било уште еден доказ дека постапките на руските органи биле доволно бројни и добро организирани за да се заклучи дека имало образец по кој се вршеле повредите, со што се исклучува ставот дека се работело за исклучителни и изолирани случаи. Според Владата, постоењето на административна практика станало особено очигледно ако се земел предвид зголемениот број грузиски државјани протерани есента 2006 година споредено со претходните или следните месеци и години. Тоа исто така било поткрепено со фактот дека тужената Влада не спорела дека ги прекинала поштенските врски со Грузија, и дека на 5 ноември 2006 година Федералното собрание (бикамерално законодавно тело) на Руската Федерација ги заострило донесените мерки против прекршувања на имиграционото право. На крај, Владата жалител се повика на извештаите на неколку меѓународни владини и невладини организации (вклучувајќи го особено извештајот на HRW) и на медиумите во врска со проблемот на расизам и ксенофобија во Руската Федерација генерално како и антигрузиската политика којашто се појавила есента 2006 година.
114. Во однос на официјалното толерирање, Владата жалител се повика посебно на извештајот на HRW во кој се посочувало дека и пониските и повисоките ешалони на руската Влада работеле заедно во спроведувањето на масовно протерување на Грузијци. Извештајот говорел за широко применувани проверки на документите на етнички Грузијци од страна на полицијата и, пред сѐ, упатствата на Главната управа за внатрешни работи на Санкт Петербург и Ленинградската област до полицијата, Федералната миграциона служба и судовите да ги преземат мерките потребни за идентификување и протерување грузиски државјани. Понатаму, изјавите на жртвите и извештаите на меѓународните владини и невладини организации и медиумите го потврдувале постоењето и на упатствата засновани на циркуларите бр. 0215 и бр. 849 и нивната содржина. Владата жалител посебно се повика на годишниот извештај на Комесарот за човекови права на Руската Федерација за 2006 година. На крај, барањата за доставување на листи на ученици Грузијци со цел да се идентификуваат нивните родители биле испратени од страна на руски службени лица до повеќе училишта во Руската Федерација. Фактот што лицата кои ги испратиле тие барања, а кои биле очигледно незаконски, не биле соодветно казнети бил дополнителен доказ за постоење на дискриминирачка политика која се водела против државјани на Грузија есента 2006 година. Аргументи на тужената Влада
115. Тужената Влада ги оспори тие наводи. Според Владата, сослушувањето на сведоци од страна на делегацијата на судии на Големиот судски совет не довело до докази кои би ги потврдило тврдењата на грузиските органи дека Руската Федерација, како одговор на апсењето на руските офицери обвинети за шпионажа, организирала и дозволила прогонување на грузиски државјани и го организирала масовното незаконско апсење и колективно протерување.
116. Тужената Влада истакна дека акциите против државјани на Грузија во врска со нивната одговорност за административни прекршоци и мерките за нивно протерување од руска територија биле во согласност со закон и служеле за остварување на легитимна цел, и никогаш не биле поврзани или мотивирани од етничкиот статус или државјанството на грузиските државјани. Руските органи никогаш не искористиле кон грузиските државјани било каква административна практика или колективно протерување во смисла на Конвенцијата.
117. Тужената Влада посебно сметаше дека Владата жалител не обезбедила никаков доказ за автентичноста на упатствата издадени од Главната управа за внатрешни работи на Санкт Петербург и Ленинградската област – вклучувајќи и го тоа од 2 октомври 2006 година потпишано од г-н Пиотровскиј чија „наводна“ копија била содржана, помеѓу другото, во анексот на извештајот на Парламентарното собрание на СЕ, извештајот на HRW и извештајот на Комесарот за човекови права на Руската Федерација – кое упатува на координација на политиката на протерување помеѓу административните и судските органи со која посебно се таргетираат грузиски државјани. Самото споменување на таква координација било особено апсурдно затоа што руските судови биле независни од извршната власт. Понатаму, во текот на сослушувањето на сведоци руските функционери потврдиле дека никогаш не биле издадени такви упатства. Истото важело и за наредбата од 2 октомври 2006 година на вршителот на должност началник на полицијата во Санкт Петербург и Ленинградската област и информативната белешка од 18 октомври 2006 година на Федералната миграциона служба. Единствените упатства на кои се повикале руските функционери биле оние кои биле издадени од заменик генералниот обвинител кој побарал од сите обвинители да го зајакнат нивниот надзор со цел да го гарантираат почитувањето на уставните права и слободи на државјаните на ЗНД (види параграф 38 погоре). Во поглед на циркуларите бр. 0215 и бр. 849 врз кои тие упатства биле наводно засновани и наредбата и информативната белешка, тужената Влада ја оспори содржината наведена од Владата жалител.
118. Понатаму, руските функционери кои побарале доставување на листи на ученици Грузијци од училиштата во Руската Федерација биле изолирани случаи (имало само четири барања кои се однесувале само на два административни ентитети) и тие биле соодветно казнети, како што било потврдено при сослушувањето на сведоци.
119. Тужената Влада исто така ги оспори статистичките податоци доставени од Владата жалител, имајќи предвид дека повикувањето на грузиските власти на масовно протерување на грузиски државјани кое било без преседан, во текот на временскиот период кој Судот го разгледува со цел да ги поддржи наводите на масовна „антигрузиска кампања“ не било поткрепено со никакви статистички податоци. Тужената Влада, генерално ја оспори релевантноста на информациите дадени во определени извештаи, вклучувајќи ги посебно, извештајот на HRW и извешајот на Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на СЕ, тврдејќи дека тоа во голем дел било засновано на изјави на грузиски органи или грузиски државјани и не било поткрепено со документи или други допуштени докази. Затоа тие извештаи не можеле да се употребат за да се заклучи дека имало сериозни повреди направени од страна на тужената Влада.
б. Искористување на домашните правни лекови
i. Аргументи на Владата жалител
120. Како алтернативен аргумент и во случај правилото за искористување на домашните правни лекови да се применува во овој случај, Владата жалител истакна дека правните лекови на кои се повикува тужената Влада биле неефикасни и недостапни во конкретниот контекст на овој случај. Понатаму, општиот контекст на антигрузиската кампања водена од руските органи која довела до масовни кршења на човековите права ги ослободил грузиските државјани од обврската да ги искористат тие правни лекови.
Посебно, додека грузиските државјани биле сѐ уште во Руската Федерација, тие не се жалеле против решенијата за протерување затоа што тие не биле информирани за таа можност и во некои случаи биле дури и присилени од страна на руски службени лица да попишат формулари со кои се откажуваат од нивното право на жалба. Потоа, откако биле протерани, тие повеќе не можеле да вложат жалба затоа што не било возможно да одат во грузискиот конзулат на Руската Федерација или во конзулатот на Руската Федерација во Грузија. Понатаму, решенијата за протерување биле субјективни и со нив се кршеле одредбите на рускиот Закон за административни прекршоци според кој таквите решенија не можеле да се извршат пред истекот на рокот од единаесет дена за жалба (види параграф 77 погоре). На крај, недостатоците на решенијата доставени од тужената Влада во нејзиниот допис од 15 април 2011 година (види параграф 85 in fine погоре) потврдувале дека домашните правни лекови во релевантниот период биле неефикасни.
ii. Аргументи на тужената Влада
121. Според тужената Влада, очигледно било од сослушувањето на сведоци дека сите грузиски државјани повикани од Владата жалител незаконски престојувале во Руската Федерација и можеле да ги искористат достапните и ефикасни правни лекови за оспорување на решенијата за протерување. Пред нивното фактичко протерување, тие можеле да поднесат жалба или да поднесат касациона жалба или ревизија на судските решенија против нив. Во нивниот допис од 15 април 2011 испратен како одговор на Судот по негово барање, руските органи детално ги навеле правните гаранции достапни согласно руското право кои давале судска заштита во случај на такви повреди и листа со примери на одлуки на руските судови по жалба во постапки поведени од грузиски државјани. Тие информации биле целосно во согласност со статистичките податоци во врска со бројот на грузиски државјани протерани од Русија и со изјавите на руските органи кои тврделе дека никогаш не воделе „антигрузиска кампања“ во односниот период ниту пак спроведувале колективно протерување на грузиски државјани. Грузиските државјани исто така можеле да се обратат до јавниот обвинител, кој согласно рускиот закон бил овластен да поднесе определен облик на касациона жалба (во оригинал на руски јазик: протест) или да побара преиспитување на одлуката.
2. Оцена на Судот
a. Општи начела
122. Судот повторува дека административната практика се состои од два елемента: „повторувањето на акти“ и „официјално толерирање“ (види Франција, Норвешка, Данска, Шведска и Холандија против Турција, бр. 9940‑9944/82, одлука на Комисијата 6 декември 1983 година, параграф 19, DR 35, и Кипар против Турција, цитиран погоре, параграф 99).
123. Што се однесува на „повторувањето на акти“, Судот тоа го опишува како „акумулирање на идентични или аналогни повреди кои се доволно бројни и меѓусебно поврзани за да не претставуваат само изолирани инциденти или исклучоци, туку образец или систем (види Ирска против Обединетото Кралство, цитиран погоре, параграф 159, и Кипар против Турција, цитиран погоре, параграф 115).
124. Под „официјално толерирање“ се подразбира дека „незаконски акти се толерираат со тоа што претпоставените на лицата кои се неспоредно одговорни за тие акти, иако знаат за таквите акти, не преземаат никакви мерки за нивно казнување или за да го спречат повторувањето на тие акти; или дека повисок орган, соочен со бројни такви наводи, искажува индиферентност одбивајќи секаква адекватна истрага за нивната вистинитост или невистинитост, или дека во судска постапка е оневозможено правично судење за такви наводи“. Во поглед на последниот елемент, Комисијата додаде дека „секоја мерка преземена од повисок орган мора да биде од таков степен кој е доволен за да се стави крај на повторувањето на акти или за да се прекине образецот или системот“ [to put an end to the repetition of acts or to interrupt the pattern or system] (види Франција, Норвешка, Данска, Шведска и Холандија против Турција, цитиран погоре, ibid.). Во врска со тоа Судот има забележано дека „е незамисливо повисоките органи на државата да не знаат или да можат да не знаат за постоењето на таква практика. Понатаму, согласно Конвенцијата тие органи се стриктно одговорни за постапувањето на оние кои им се подредени; тие имаат должност да ја наметнат нивната волја врз подредените и не можат да се кријат зад тоа дека не можеле да обезбедат почитување на таа волја (види Ирска против Обединетото Кралство, цитиран погоре, параграф 159).
125. Во однос на правилото за искористување на домашните правни лекови, Судот повторува дека, според судската практика кој ја има воспоставено во меѓудржавни предмети, правилото во принцип не се применува кога Владата жалител „се жали на практиката како таква, со цел да се спречи таа да продолжи или нејзиното повторување, но не бара ... од Судот да донесе одлука за секој од предметите дадени како доказ или илустрација на таа практика“ (види Ирска против Обединетото Кралство, цитиран погоре, параграф 159). Во секој случај, тоа правило не се применува „кога ќе се покаже дека постои административна практика, имено повторување на акти некомпатибилни со Конвенцијата и официјално толерирање од страна на државата, и кое е од таков карактер да го прави водењето на постапка бесполезно или неефикасно“ (види Ирска против Обединетото Кралство, цитиран погоре, ibid; Aкдивар и други против Турција, 16 септември 1996 година, параграф 67, Збирки на пресуди и одлуки 1996‑IV; и Кипар против Турција, цитиран погоре, параграф 99).
126. Сепак, прашањето за ефикасноста и достапноста на домашните правни лекови може да се смета како дополнителен доказ за тоа дали таква практика постои или не (види, посебно, Кипар против Турција, цитиран погоре, параграф 87).
127. Судот смета дека заедничкото разгледување на ова прашање со прашањето на постоење на административна практика е посебно соодветно во овој предмет.
б. Примена на тие начела
i. Административна практика
128. Во случајот кој е предмет на разгледување, Судот не е обврзан да одлучи за индивидуални повреди на правата гарантирани со Конвенцијата, сепак, поединечните случаи со кои беше запознаен може да се анализираат како доказ за можна практика (види Ирска против Обединетото Кралство, цитиран погоре, параграф 157 in fine).
129. За да се утврди дали имало административна практика или не, Судот ќе ги оцени доказите со кои располага од аспект на критериумите кои беа опишани погоре (види параграфи 93 до 95 погоре).
130. Во врска со тоа Судот најпрво воочува дека статистичките податоци доставени од странките се разликуваат во поглед на точниот број на грузиски државјани уапсени, задржани и протерани во периодот за кој станува збор (крај на септември 2006 година до крајот на јануари 2007 година) (види параграфи 27 и 28 погоре).
131. Всушност, Владата жалител тврдеше дека биле донесени 4,634 решенија за протерување на грузиски државјани во текот на тој период, од кои 2,380 биле задржани и присилно протерани, а останатите 2,254 ја напуштиле земјата со свои средства, со голем пораст на бројот на регистрирани протерувања од почетокот на октомври 2006 година во споредба со претходниот период.
132. Тужената Влада пак, иако остана на тврдењето дека води само годишна и полугодишна статистичка евиденција, кажа дека во 2006 година биле донесени 4,022 решенија за протерување на грузиски државјани и додаде дека помеѓу 1 октомври 2006 година и 1 април 2007 година, на 2,862 грузиски државјани им биле изречени решенија за протерување.
133. Судот воочува дека тужената Влада достави статистички податоци за периодот од 1 октомври 2006 година до 1 април 2007 година, што не соодветствува на половина календарска година и сугерира дека се собирале месечни статистички податоци.
134. Имајќи предвид дека не беа доставени месечни статистички податоци за 2006 и 2007 година, Судот не може да прифати дека бројот посочен од тужената Влада кореспондира на точниот број грузиски државјани протерани во текот на временскиот период за кој станува збор.
135. Оттука, Судот смета дека ништо не го спречува да заклучи дека наводите на Владата жалител во однос на бројот на државјаните протерани во односниот период и големиот пораст на тој број во периодот пред октомври 2006 година се кредибилни. Затоа во неговата анализа на овој предмет претпоставува дека во конкретниот период биле донесени повеќе од 4,600 решенија за протерување на грузиски државјани, од кои приближно 2,380 биле задржани и присилно протерани.
136. Со оглед на целиот доказен материјал со кој располага, Судот забележува дека настаните кои се предмет на анализа се случиле истовремено имено, на крајот на септември или почетокот на октомври 2006 година: издавањето на циркуларите и упатствата, масовните апсења и протерувања на грузиски државјани, летови од Москва до Тбилиси и дописите испратени од руски службени лица до училишта во Русија. Усогласеноста на описот на спорните настани даден од меѓународните владини и невладини организации е исто така значајна во овој поглед (види параграфи 63 до 74 погоре).
137. Тужената Влада ја оспори доказната вредност на информациите содржани во извештаите на тие организации.
138. Сепак, Судот би повторил дека, со оглед на тоа дека е „господар на неговата процедура и неговите правила, Судот има целосна слобода во оценувањето не само на допуштеноста и релевантноста, туку и на доказната вредност на секој доказ кој е изведен пред него“ (види Ирска против Обединетото Кралство, цитиран погоре, параграф 210 in fine). Судот често придавал важност на информациите содржани во понови извештаи на независни организации за заштита на човековите права или владини избори (види, mutatis mutandis, Саади против Италија [ГСС], бр. 37201/06, параграф 131, ECHR 2008; НА против Обединетото Кралство, бр. 25904/07, параграф 119, 17 јули 2008 година; M.С.С. против Белгија и Грција [ГСC], бр. 30696/09, параграфи 227 и 255, ECHR 2011; и Хирси Џамаа и други против Италија [Hirsi Jamaa and Others v. Italy] [GC], бр. 27765/09, параграф 118, ECHR 2012). Релевантни критериуми за оценување на кредибилноста на тие извештаи се авторитетот и репутацијата на неговите автори, сериозноста на истражувањето со кое тој извештај е подготвен, конзистентноста на заклучоците од извештаите и дали тие се поткрепени со други извори (види, mutatis mutandis, Саади, цитиран погоре, параграф 143; НА., цитиран погоре, параграф 120; и Суфи и Елми против Обединетото Кралство, бр. 8319/07 и 11449/07, параграф 230, 28 јуни 2011 година).
139. Во овој предмет, со оглед на темелноста на сите истражувања врз основа на кои биле подготвени овие ивештаи и фактот дека во поглед на прашањата кои се предмет на одлучување нивните заклучоци се усогласени и ги потврдуваат изјавите на сведоците Грузијци, Судот не гледа причина да се сомнева во сигурноста на овие извештаи.
140. Понатаму, Судот смета дека откако утврди повреда на член 38 од Конвенцијата, постои силна претпоставка дека наводите на Владата жалител во поглед на содржината на циркуларите со кои се наредува селективно протерување на грузиски државјани се кредибилни.
141. Истото важи и за автентичноста на останатите документи доставени од Владата жалител и кои се повикуваат на тие циркулари, вклучувајќи го особено упатството бр. 122721/08 oд 2 октомври 2006 година издадено од Главната управа за внатрешни работи на Санкт Петербург и Ленинградската област (види параграф 31 погоре).
142. Tоа упатство со кое се имплементира циркуларот бр. 0215 на Главната управа за внатрешни работи на Санкт Петербург и Ленинградската област од 30 септември 2006 година, изречно го споменува протерувањето на „државјани на Република Грузија“ кои незаконски престојуваат во Руската Федерација. Со него се наредува протерување „само“ на тие државјани со нивно задржување во прифатен центар и казнено-поправен центар на Главната управа за внатрешни работи. Пред сѐ, во него се посочува дека „донесувањето на решенија е во координација со Градскиот суд во Санкт Петербург и Регионалниот суд во Ленинград“.
143. Судот исто така се повикува на извештаите на владините и невладините организации кои упатуваат на ова упатство (види ги извештаите на Парламентарното собрание на СЕ и HRW, кон кои упатството е приклучено, и извештајот на FIDH, стр. 26 б) in fine – види параграфи 39 и 40 погоре), и на заклучоците на Комесарот за човекови права на Руската Федерација, кој го споменал во неговиот извештај за 2006 година, сметајќи дека одговорот на заменикот на Генералниот обвинител на неговото барање за информации во врска со автентичноста на тоа упатство за незадоволителен (види параграф 35 погоре). Во врска со тоа треба да се воочи дека во неговиот одговор од 8 декември 2006 одина заменикот на Генералниот обвинител не кажал дека упатството за кое станува збор не е автентично (види параграф 34 погоре).
144. На крај, не е спорно дека на почетокот на октомври 2006 година биле испратени дописи од страна на функционери од секторите за внатрешни работи од повеќе окрузи во Москва и регионот Самара до директорите на училиштата во кои се бараат листи на ученици Грузијци од различни причини (како што е одржување на јавниот ред, спречување на акти на тероризам и тензии помеѓу децата кои живеат во Москва и грузиските деца, откривање на случаи на поткуп даден на училиштата од страна на илегални имигранти, идентификување на деца кои живеат во нездрави услови) (види параграфи 36 и 37 погоре).
145. Треба да се воочи дека пред почетокот на октомври не било испратено ниту едно барање од овој вид. Дури и ако не биле испратени многу такви барања и ако не може да се исклучи можноста тие да биле испратени од ревносни службени лица кои постапувале по своја иницијатива, воочлив факт е дека тие дописи биле испратени во исто време со циркуларите и упатствата. Понатаму, на сослушувањето на сведоци руските функцинери потврдија дека таквите акти биле строго забранети со закон и затоа е изненадувачки што неколкумина функционери истовремено го прекршиле законот кој е во сила и на своја сопствена иницијатива. На крај, Судот воочува дека санкциите кои им биле изречени биле укор, деградирање и дисциплински мерки (види параграф 37 погоре).
146. Затоа, Судот смета дека доказите доставени од тужената Влада – посебно двата дописа од декември 2006 година од заменикот на Генералниот обвинител и извештаите за истрагите на руските органи спроведени откако барањата за информации биле доставени до училиштата – не можат да ги оспорат наводите за „официјално толерирање“ на такви незаконски акти од страна на руските органи.
ii. Домашни правни лекови
147. Во врска со ефикасноста и достапноста на домашните правни лекови, Судот најпрво воочува дека изјавите на сведоците Грузијци се поклопуваат во поглед на условите на нивното апсење и многу кратката постапка пред судовите во Руската Федерација (види параграфи 45 и 46 и параграфи 48 и 49 погоре).
148. Истото важи за описот на тие настани даден од меѓународните владини и невладини организацции, каде посебно се говори за координација помеѓу административните и судските органи (види параграфи 39 и 40 и од параграф 68 дo 71 погоре).
149. Судот воочува дека грузиските државјани биле уапсени, задржани и протерани поради наводни прекршувања на член 18.8, член 18.10 и член 18.11 oд Законот за административни прекршоци (на пример, немање валидна работна дозвола, виза или потврда за престојувалиште) и дека решенијата биле носени од редовните судови.
150. Судот не се сомнева дека постојат правни лекови кои може да се поднесат до повисоките судови во Руската Федерација против апсење и лишување од слобода и против решенија за протерување, како што беше кажано и од тужената Влада во низата нивни опсервации и како што беше опишано од руските функционери во текот на сослушувањето на сведоци (види исто така Нијазов против Русија, бр. 27843/11, параграф 87 et seq., 16 октомври 2012 година).
151. Сепак, Судот мора реално да го цени не само „постоењето на формалните правни лекови во правниот систем на засегнатата држава договорничка, туку исто така и поширокиот и политичкиот контекст во кој тие се применуваат, како и личните околности на жалителите“ (види, mutatis mutandis, Aкдивар и други, цитиран погоре, параграф 69).
152. Со оглед на сиот доказен материјал со кој располага, Судот смета дека во текот на временскиот период кој е предмет на оцена постоеле реални пречки за грузиските државјани да ги користат тие правни лекови, и во текот на постапките пред руските судови во Руската Федерација и откако биле протерани во Грузија.
153. Судот смета дека во Руската Федерација тие пречки се појавиле како резултат на постапките водени пред руските судови на начин опишан од сведоците Грузијци, имено, дека тие биле изведени пред судовите во групи. Иако некои сведоци споменаа сослушување од страна на судија кое траело во просек пет минути и без соодветно испитување на фактите на случајот, друи сведоци рекоа дека тие не биле пуштени во судница и дека чекале во ходници, или дури и во автобусите со кои биле носени до судот, заедно со други грузиски државјани. Тие рекоа дека после тоа им било наредено да потпишуваат судски решенија без да можат да ја прочитаат нивната содржина или да добијат копија од решението. Тие немале ниту толкувач ниту адвокат. По правило, и судиите и полицајците ги одвраќале од поднесување жалби, велејќи им дека постоела наредба за протерување на грузиски државјани.
154. Понатаму, атмосферата на брзање и заплашување во која овие мерки биле преземани исто така ја објаснува неподготвеноста на грузиските државјани да ги користат тие правни лекови.
155. Во врска со тоа Судот придава поголем кредибилитет на описот на тие процедури даден од сведоците Грузијци, кој соодветсвува на описот даден од меѓународните владини и невладини организации, отколку на описот на руските функционери кој се чини дека не е веројатен со оглед на бројот на грузиски државјани протерани во текот на периодот за кој станува збор.
156. Во Грузија, покрај психолошкиот фактор, Судот смета дека постоеле практични пречки во користењето на тие правни лекови поради затворањето на транспортните врски помеѓу двете земји. Понатаму, било многу тешко да се контактира конзулатот на Руската Федерација во Грузија, којшто имал недоволен број вработени со само тројца дипломати во релевантниот временски период.
157. Судот понатаму смета дека затоа што не беа доставени месечни статистички податоци за бројот на решенија за протерување на грузиски државјани од страна на руските судови конкретно во периодот кој е предмет на оцена, документите доставени од тужената Влада во нејзиниот допис од 15 април 2011 година (види параграф 85 in fine погоре) не даваат адекватен доказ дека тие правни лекови биле ефикасни и достапни во односниот период и дека нуделе разумни изгледи за успех.
158. Посебно, бројот на доставени одлуки по жалба (42) се чини дека е минимален со оглед на бројот на територијални единици кои постојат во Руската Федерација и со оглед на бројот на донесени решенија за протерување на грузиски државјани во текот на тој период (види параграф 135 погоре). Бројот на доставени одлуки по жалба исто така се чини дека е премал за градовите Москва (8) и Санкт Петербург (17), имајќи предвид дека најголем дел од протерувањата на грузиски државјани во текот на релевантниот период биле извршени во тие два града, кадешто живееле мнозинството протерани лица.
iii. Заклучок
159. Имајќи ги предвид сите овие фактори, Судот заклучува дека од октомври 2006 година била воведена координирана политика на апсење, задржување и протерување на грузиски државјани во Руската Федерација што претставувало административна практика во смисла на судската пракса заснована на Конвенцијата. Затоа, приговорот истакнат од тужената Влада дека не биле искористени домашните правни лекови мора да биде одбиен.
Б. Рокот од шест месеци
160. Судот повторува „дека кога нема домашни правни лекови, овој рок треба да се смета од денот на актот или одлуката за која се тврди дека не е во согласност со Конвенцијата (види, помеѓу другото, Грузија против Русија (I), цитиран погоре, параграф).
161. Иако Судскиот совет не одлучи по прашањето со цел да го приклучи кон мериторната одлука, и двете Влади не поднесоа било какви опсервации во тој поглед. Владата жалител само побара Судот да одлучи дека жалбата била поднесена во рокот од шест месеци предвиден во Конвенцијата.
162. Во случајот кој е предмет на разгледување жалбата беше поднесена до Судот на 26 март 2007, додека пак решенијата за протерување на грузиски државјани на кои се жали Владата жалител биле донесени на 27 септември 2006 година.
163. Затоа, Судот смета дека рокот од шест месеци предвиден со Конвенцијата е испочитуван.НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 4 ОД ПРОТОКОЛ БР. 4
164. Владата жалител се повика на член 4 од Протокол бр. 4, кој гласи:
„Колективно протерување на странци е забрането.“
A. Аргументи на странките
1. Владата жалител
165. Владата жалител истакна дека тужената Влада колективно протерала Грузијци од територијата на Руската Федерација, и им го оневозможила правото нивните предмети да биде разгледани пред суд. Според неа, посебно загрижувачки бил фактот што во текот на судските постапки на лицата на кои им биле изречени решенија за протерување никогаш немало мериторно разгледување. Како што можело да се провери од извештаите на меѓународни владини и невладини организации, судовите не сакале да ги сослушаат аргументите на грузиските државјани и тие не можеле да ги истакнат основите за жалба против нивното протерување. Судиите користеле стандардизиран образец за сите решенија за протерување, само наведувајќи ги релевантните имиња и дати, без да ги испитуваат фактичките околности на секој случај. На некои од жртвите не им била дадена ни прилика да се појават пред суд.
2. Tужената Влада
166. Тужената Влада ги оспори тие наводи и истакна дека случајот кој се разгледува многу се разликува од случајот Чонка против Белгија (бр. 51564/99, ECHR 2002-I), затоа што органите на Руската Федерација никогаш не изјавиле дека колективно протерале грузиски државјани и не издала такви упатства на релевантните службени лица. Понатаму, грузиските државјани не биле повикани од релевантните органи на Министерството за внатрешни работи и голем дел од нив успеале самите да ја напуштат Руската Федерација. На крај, случајот на секој грузиски државјанин против кога била иницирана постапка за административен прекршок и за кого било донесено решение за протерување бил поединечно разгледан во согласност со руското право. Во врска со тоа, тужената држава го оспори кредибилитетот на изјавите на сведоците Грузијци и се повика на изјавите на руските службени лица. Според тужената Влада, случајот за кој се одлучува бил посличен на случајот Султани против Франција (бр. 45223/05, ECHR 2007‑IV (извадоци)) затоа што, како и во тој случај, тужената Влада организирала, во октомври 2006 година, специјални директни летови со кои биле пренесувани грузиски државјани од Москва во Тбилиси врз основа на договори со амбасадата на Грузија во Руската Федерација, како последица на фактот дека воздухопловните врски помеѓу Руската Федерација и Грузија биле прекинати. Протерувањето на илегални мигранти и лица кои на поинаков начин ги прекршиле законските одредби за престој на руска територија било суверено право и обврска на руската држава со цел да ја гарантира националната и меѓународната безбедност.
Б. Оцена на Судот
1. Општи начела
167. Судот потсетува на неговата практика според која како „колективно протерување, во смисла на член 4 од Протокол бр. 4, треба да се сфати секоја мерка со која се принудуваат странци, како група, да напуштат една држава, освен кога таква мерка е преземена после и врз основа на разумно и објективно разледување на конкретниот случај на секој странец во таа група поединечно“ (види Чонка, цитиран погоре, параграф 59). Судот потоа има прецизирано дека „фактот што на повеќемина странци им се изречени слични одлуки не води сам по себе до заклучок дека дошло до колективно протерување ако на секое засегнато лице му е дадена прилика поединечно да ги презентира неговите аргументи против неговото протерување пред надлежните органи“ (види, помеѓу други преседани, Султани, цитиран погоре, параграф 81, и Хирси Џамаа и други [Hiirsi Jamaa and Others], цитиран погоре, параграф 184). Сепак, кога постои разумно и објективно објаснување за конкретниот случај за секој поединец тоа не значи дека „контекстот на извршувањето на решенијата за протерување не игра понатамошна улога при одлучувањето дали бил испочитуван член 4 од Протокол бр. 4“ (види Чонка, цитираан погоре, ibid.).
168. Во однос на опсегот на примена на член 4 од Протокол бр.4, Судот воочува дека текстот на одредбата не упатува на законската положба на засегнатите лица, за разлика од член 1 од Протокол бр. 7 што Судот ќе го анализира подолу (види параграфи 228 дo 231 подолу). Понатаму, може да се види од коментарот на нацрт текстот на Протокол бр. 4 дека, според Комитетот на експерти, странците на кои член 4 се однесува не се само оние кои законски престојуваат на територијата на државата, туку исто така и „сите кои немаат право на државјанство во државата, без разлика дали само поминуваат низ земјата или имаат престојувалиште во неа, без разлика дали се бегалци или влегле во земјата по своја иницијатива, дали се без државјанство или пак имаат друго државјанство“ (член 4 од финалната верзија на нацрт текстот на Комитетот, стр. 505, параграф 34).
169. Според тоа толкување, во случаите во кои одлучувал, Судот го применувал член 4 од Протокол бр. 4 на лица кои, од различни причини, престојувале на територија на државата или биле пресретнати на отворено море на бродови под знаме на тужената држава и вратени во државата од која потекнуваат (види, помеѓу другото, Чонка, Султани; и Хирси Џамаа и други, цитиран погоре).Примена на тие начела
170. Затоа во овој случај член 4 од Протокол бр.4 е применлив независно од прашањето дали грузиските државјани законски престојувале на територија на Руската Федерација или не.
171. Во поглед на основаноста на жалбата, Судот мора да одлучи дали мерките на протерување биле преземени врз основа на разумно и објективно испитување на конкретната ситуација на секој грузиски државјанин истовремено имајќи го предвид општиот контекст во релевантниот период.
172. Во тој поглед Судот упатува и на тоа дека описот на многу кратките постапки водени од руските судови даден од сведоците Грузијци соодветствува на описот даден од меѓународните владини и невладини организации (види параграфи 48 и 49 и од параграф 68 дo 71 погоре).
Tака, Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на СЕ кажа дека „рутината на протерувања“ следела еден ист образец низ целата земја: „Грузијци запрени на улица под изговор проверка на нивните документи биле лишувани од слобода без оглед дали нивните документи биле уредни или не, и носени во милициски станици каде биле собирани во големи групи и носени во судовите, каде се носеле решенија за изрекување административна санкција протерување од руска територија врз основа на прелиминарен договор со судовите, без адвокати и без судовите да ги разгледуваат фактите на конкретниот случај, а целата процедура траела од две до десет минути. Често, лицата кои биле подложени на овие мерки, не биле ни примени во судница, тие чекале во ходници или дури и во возила со кои биле донесени до судот“ (извештај на Парламентарното собрание на СЕ, параграф 59).
173. Понатаму, меѓународните организации посочија дека масовните апсења и протерувања на грузиски државјани започнале на почетокот на октомври 2006 година и споменаа координација помеѓу административните и судските органи (види параграфи 39 и 40 и од параграф 68 дo 71 погоре).
174. Според Судот, случајот кој е предмет на одлучување е посличен со случајот Чонка цитиран погоре, во кој најде дека имало колективно протерување имајќи ги предвид сите околности поврзани со извршувањето на решенијата за протерување, отколку со случајот Султани, во кој Судот одлучи дека надлежниот орган ја зел предвид личната ситуација на жалителот- барател на азил со авганистанско државјанство – и наводните ризици во случај тој да биде вратен во земјата на потекло.
175. Посебноста на овој случај се гледа во фактот што во текот на релевантниот период руските судови донесле илјадници решенија за протерување на грузиски држвајни (види параграф 135 погоре). Иако, формално земено, било донесено судско решение за секој грузиски државјанин, Судот смета дека водењето на постапките за протерување во текот на тој период, откако биле издадени циркуларите и упатствата, и бројот на протерани на грузиски државјани – од октомври 2006 година – оневозможило да се направи разумна и објективна анализа на конкретниот случај на секој поединец.
176. Понатаму, заклучокот кој Судот го донесе во врска со имплементирањето во Руската Федерација на координирана политика на апсење, задржување и протерување на грузиски државјани од октомври 2006 година (види параграф 159 погоре) исто така покажува дека протерувањата биле од колективен карактер.
177. Тој заклучок не го оспорува правото на државите да утврдуваат нивна имиграциона политика. Сепак, мора да се посочи дека проблемите поврзани со управување со мигрантски текови не може да ја оправда државата во поглед на прибегнување кон практики кои не се компатибилни со нејзините обврски од Конвенцијата (види, mutatis mutandis, Хирси Џамаа и други, цитиран погоре, параграф 179).
178. Имајќи ги предвид сите елементи наведени претходно, Судот смета дека протерувањата на грузиски државјани во текот на односниот период не биле спроведени како резултат и врз основа на разумна и објективна анализа на конкретниот случај на секој поединец и дека тоа претставувало административна праиктика со која се крши член 4 од Протокол бр. 4.
V. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 5, СТАВ 1 И СТАВ 4 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
179. Владата жалител се повика на член 5, став 1 и став 4 од Конвенцијата, кои во делот во кој се релевантни гласат:
„1. Секој има право на слобода и на безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен во долунаведените случаи и во согласност со постапка предвидена со закон:
...
(ѓ) ако се апси или притвора лице врз основа на закон, со цел да се спречи илегално да влезе во земјата или лице против кое е во тек постапка за депортација или екстрадиција.
...
4. Секое лице лишено од слобода со апсење или притворање има право да инцира постапка во која од страна на суд во кус рок ќе се разгледа законитоста на тоа лишување од слобода и ако тоа не било законско, да се нареди негово ослободување.“
A. Аргументи на странките
1. Владата жалител
180. Според Владата жалител, јасно биле од сите записници од сослушувањето на сведоци дека арбитрерниот начин на кој грузиските државјани биле уапсени и лишени од слобода ги правел нивното апсење и лишување од слобода незаконито во смисла на член 5, став 1 од Конвенцијата. Понатаму, тоа што грузиски државјани не можеле да ја оспорат законитоста на нивното апсење и лишување на слобода било спротивно на член 5, став 4 од Конвенцијата. Апсењето на Грузијци со цел тие да бидат протерани се вршело во вид на масовни операции кои се состоеле од барање на тие лица пред цркви, на пазари, на улици и во училишта, како и во нивните домови и работни места.
2. Тужената Влада
181. Tужената Влада ги оспори наводите на Владата жалител и остана на ставот дека апсењата на грузиски државјани заради нивно протерување биле спроведени во согласност со руското право со цел справување со илегалната миграција. Во врска со тоа, тужената Влада ги истакна истите аргументи како и за член 4 од Протокол бр. 4 (види параграф 166 погоре).
Б. Оцена на Судот
182. Судот на почетокот забележува дека странките не спорат дека апсењата за кои станува збор биле спроведени заради протерување на грузиски државјани од руска територија, така што член 5, став 1 (ѓ) oд Конвенцијата е применлив во овој случај. „Кога се одлучува за законитоста на лишувањето од слобода, вклучувајќи го и прашањето дали била почитувана „процедура предвидена со закон“, Конвенцијата во суштина упатува на обврската да се почитуваат материјалните и процедуралните норми на домашното право, но покрај тоа наложува дека секое лишување од слобода треба да биде во согласност со намената на член 5, имено да го заштити поединецот од арбитрерност“ (види, помеѓу останатите преседани, Чонка, цитиран погоре, параграф 39, и Шамајев и други, цитиран погоре, параграф 397).
183. По основ на став 4 од член 5, уапсените или притворените лица имаат право на постапка за оценување на законитоста на лишувањето од слобода во која ќе се одлучува за процедуралните и материјалните услови кои се суштински важни за „законитоста“ во смисла на Конвенцијата, на нивното лишување од слобода. Поимот „законитост“ мора да има исто значење и под став 4 од став 5 како и во став 1, така што притвореното лице има право на оценување на „законитоста“ на неговиот притвор не само од аспект на домашното право, туку од аспект на текстот на Конвенцијата, општите начела кои во неа се изразени и целта на ограничувањата кои се дозволени во член 5, став 1 (види Чахал против Обединетото Кралство [Chahal v. the United Kingdom], 15 ноември 1996 година, параграф 127, Збирки на предуси и одлуки 1996‑V; mutatis mutandis, Станев против Бугарија [ГСC], бр. 36760/06, параграф 168, ECHR 2012; и Идалов против Русија [ГСC], бр. 5826/03, параграф 160, 22 мај 2012 година).
184. Судот смета дека во овој случај жалбените наводи истакнати по член 5 став 1 и став 4 од Конвенцијата се тесно поврзани со наводите истакнати по член 4 од Протокол бр.4.
185. На протерувањето на грузиски државјани им претходеле масовни апсења – на улица, на работно место или во нивните домови. Судот во врска со тоа се повикува на еднаквиот опис на условите на апсење даден од сведоците Грузијци и од меѓународните владини и невладини организации (види параграфи 45 и 46 и од параграф 68 дo 71 погоре). Понатаму, Судот заклучи дека од октомври 2006 година во Руската Федерација се спроведувала координирана политика на апсење, задржување и протерување на грузиски државјани (види параграф 159 погоре).
186. Затоа, фактот дека тие протерувања биле опишани како „колективни“ од страна на Судот значи, во околностите на овој случај, дека апсењата кои им претходеле биле арбитрерни.
187. Имајќи ги предвид претходните заклучоци, Судот смета дека апсењата и задржувањето на грузиски државјани во текот на периодот за кој станува збор претставувале административна практика спротивна на член 5, став 1 од Конвенцијата.
188. Во отсуство на ефикасни и достапни правни лекови кои би им биле на располагање на грузиските државјани против ашсењата, задржувањето и решенијата за протерување во текот на периодот за кој станува збор (види параграф 151 до 158 погоре), Судот смета дека исто така имало повреда и на член 5, став 4 од Конвенцијата.
VI. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
189. Владата жалител се повика на член 3 од Конвенцијата, кој гласи:
„Никој нема да биде подложен на тортура или нечовечко или понижувачко постапување или казнување.“
A. Аргументи на странките
1. Владата жалител
190. Владата жалител истакна дека големата пренатрупаност во ќелиите, неадекватноста на леглата предвидени за спиење, нехигиената или немањето на приватност во санитарните јазли, фактот дека задржаните лица живееле, спиеле и ги користеле тоалетите во истата просторија, случаите на смрт и тешки заболувања помеѓу задржаните жица и сите други околности опишани погоре во пресудата јасно покажувале дека Руската Федерација не ги исполнила обврските кои ги има согласно Конвенцијата. Владата додаде дека условите при транспорт, посебно автобусите и карго авионите, биле особено понижувачки и во тој поглед се повика на изјавите на сведоците Грузијци. Оттука, Владата жалител побара Судот да заклучи дека имало повреда на член 3 од Конвенцијата.
2. Tужената Влада
191. Тужената Влада ги оспори тие наводи и истакна дека сведоците Грузијци дале контрадикторни изјави во нивниот опис на условите на задржување во прифатните центри за странци посебно, и дека тие изјави биле исто така спротивни со документите доставени од руските органи или изјавите на други сведоци. Затоа, тие изјави не можеле да претставуваат доказ „надвор од разумно сомневање“ [“beyond a reasonable doubt”]. Tужената Влада додаде дека ниту едно од сослушаните лице кои биле задржани во тие центри не изјавило пред Судот дека условите во кои биле задржани биле во било кој поглед различни од условите во кои биле држани државјани на други држави во истите прифатни центри за странци или со кои делеле ќелија. Повикувајќи се на изјавите руските службени лица, Владата на крај истакна дека транспортот со авиони бил спроведен во пристојни услови и истите авиони биле употребени за протерување на други странски државјани.
Б. Оцена на Судот
1. Општи начела
192. Судот потсетува на неговата понова судска практика во однос на член 3 од Конвенцијата која ја има резимирано во неговата пилот пресуда во предметот Ананјев и други против Русија, и потоа повторно наведено во неговата пресуда Идалов против Русија:
„ ... Член 3 се однесува на една од најфундаменталните вредности на демократските општества. Конвенцијата во апсолутна смисла забранува тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување, без оглед на однесувањето на жртвата (види, на пример, Лабита против Италија, [ГСC], бр. 26772/95, параграф 119, ECHR 2000‑IV). Малтретирањето мора да достигне минимален степен на јачина за да влезе во опсегот на примена на член 3. Оцената на тој минимален степен е релативна: зависи од сите околности на случајот, како што е времетраењето на постапувањето, физичките и психичките последици од таквото постапување и, во некои случаи, полот, возраста и здравствената состојба на жртвата (види, помеѓу останатите преседани, Ирска против Обединетото Кралство, 18 јануари 1978 година, параграф 162, издание A бр. 25).
Малтретирањето кое достигнува таков минимален степен на јачина вообичаено подразбира телесна повреда или интензивно физичко или психичко страдање. Сепак, ако не дошло до тоа, кога со постапувањето се понижува или обезвреднува некое лице, ако се покажува непочитување или ако се повредува неговото или нејзиното достоинство, или ако предизвикува чувства на страв, вознемиреност или инфериорност кои можат да го скршат нивниот психички или физички отпор, тоа може да се оквалификува како понижувачко и исто така да влесе во опсег на забраната предвидена со член 3 (види, помеѓу останатите преседани, Васјуков против Русија, бр. 2974/05, параграф 59, 5 април 2011 година).
Во контекст на лишувањето од слобода Судот постојано нагласувал дека, за да влезе во опсегот на примена на член 3, страдањето и понижувањето мора во секој случај да го надмине неизбежниот елемент на страдање и понижување поврзан со лишувањето од слобода. Државата мора да осигура дека лице е лишено од слобода во услови кои се во согласност со почитувањето на човековото достоинство, дека начинот и методата на извршување на таа мерка не го подложува тоа лице на патење или тешкотија од интензитет кој го надминува неизбежниот степен на страдање кој е инхерентен на лишувањето од слобода и дека, имајќи ги предвид практичните потреби на лишувањето од слобода, неговото здравје и благосостојба се адекватно обезбедени (види Кудла против Полска [ГСC], бр. 30210/96, параграфи 92-94, ECHR 2000‑XI, и Попов против Русија, бр. 26853/04, параграф 208, 13 јули 2006 година).
При оценувањето на условите во притвор, мора да се земат предвид кумулативните последици на тие услови, како и конкретните наводи истакнати од жалителот (види Дугоз против Грција [Dougoz v. Greece], бр. 40907/98, параграфи 46, ECHR 2001-II). Времетраењето на периодот во кој лицето е лишено од слобода во конкретни услови исто така мора да биде земено предвид (види, помеѓу останатите преседани, Алвер против Естонија, бр. 64812/01, параграф 50, 8 ноември 2005 година).
(види Aнанјев и други против Русија, бр. 42525/07 и бр. 60800/08, параграфи 139‑42, 10 јануари 2012 година, и Идалов, цитиран погоре, параграфи 91‑94; во врска со условите при транспорт, види исто така mutatis mutandis, Худојоров против Русија, бр. 6847/02, параграфи 116 et seq., ECHR 2005‑X (извадоци)).Примена на тие начела
193. Судот воочува дека грузиските државјани биле прво задржани во полициски станици (во временски периоди кои се движеле од неколку часа до еден или два дена, според изјавите на сведоците) и потоа во прифатни центри за странци (за временски период од два до четиринаесет дека според изјавите на сведоците) и потоа биле носени со автобус до различни аеродроми во Москва и протерани во Грузија со авион (види параграф 45 погоре). Некои од грузиските државјани за кои биле донесени решенија за протерување сами ја напуштиле Руската Федерација.
194. Странките не се согласија во поглед на повеќето аспекти на условите на лишување од слобода на грузиските државјни. Сепак, кога условите на лишување од слобода се спорни, нема потреба Судот да ја утврди вистинитоста на секоја спорна точка. Судот може да заклучи дека имало повреда на член 3 врз основа на секој сериозен навод којшто тужената Влада не го оспорила (види, mutatis mutandis, Идалов, цитиран погоре, параграф 96).
195. Во врска со тоа Судот исто така ќе ги анализира доказите кои се изведени пред него.
196. Судот најпрво воочува дека, дури ако во текот на сослушувањето на сведоци некои од сведоците Грузијци дале контрадикторни изјави во поглед на определени прашања (посебно во врска со димензиите на просториите), нивните описи на условите при задржувањето во полициските станици и прифатните центри за странци и условите при протерување во Грузија се генерално конзистентни и одговараат на описите дадени до меѓународните владини и невладини организации (види параграфи 52 дo 55 и 72 дo 74 погоре). Tие организации посочиле дека навистина многу грузиски државјани биле подложени на нечовечко и понижувачко постапување поради лошите услови при задржување и протерување (на пример, пренатрупани простории, недостаток на храна и вода, нехигиена и транспорт на повеќе од стотина грузиски државјани со карго авион).
197. Понатаму, г-н Патаридзе, конзул на Грузија во Руската Федерација во релевантниот период, кажа дека тој и неговиот тим посетиле повеќе од дузина прифатни центри во различни региони на Руската Федерација, вклучително и тие во Санкт Петербург и Москва. Тој потврди дека воглавно грузиски државјани биле држени во тие центри, дека просториите биле пренатрупани, дека условите во кои биле задржани биле тешки, дека хигиената била застрашувачка и дека имало премалку кревети и душеци.
198. Судот не се сомнева дека условите на задржување биле екстремно тешки со оглед на големиот број на задржани грузиски државјани заради нивно протерување во толку кратко време. Во врска со тоа, Судот смета дека изјавите на сведоците Грузијци дадени при нивното сослушување се покредибилни од изјавите на руските службени лица, кои опишаа многу добри услови на лишување од слобода.
199. Со оглед на сите документи доставени до Судот, се чини пред сѐ дека не може да се негира дека грузиските државјани биле задржани во простории во полициски станици или пренатрупани прифатни центри за странци. Во секој случај личниот простор кој им бил на располагање не ги исполнувал минималните стандарди предвидени со практиката на Судот (види, помеѓу многу други преседани, Идалов, цитиран погоре, параграф 101). Понатаму, грузиските државјани морале да спијат на смени поради недостигот на места за спиење.
200. Екстремиот недостиг на простор во затворска просторија е многу важен аспект кој треба да се земе предвид при утврдувањето дали спорните услови на лишување од слобода биле „понижувачки“ во смисла на член 3 од Конвенцијата (види Ананјев и други, цитиран погоре, параграф 143).
201. Генерално земено, Судот во повеќе наврати има посочено дека пренатрупаноста во руските затвори е прашање за кое е особено загрижен. Во голем број на предмети, Судот постојано наоѓал повреда на правата на жалителот поради недостиг на личен простор во текот на неговото лишување од слобода (види, помеѓу другото, Идалов, цитиран погоре, параграф 97, и Соловјеви против Русија, бр. 918/02, параграф 123, 24 април 2012 година). Случајот кој е предмет на разгледување, а кој се однесува на прифатни центри за странци, не е исклучок во тој поглед.
202. Судот исто така се повикува на извештајот на Европскиот комитет за спречување на тортура (КПТ) за Руската Федерација од декември 2001 година во кој Комитетот кажал дека бил многу загрижен за условите на лишување од слобода на странски државјани во тие центри, нагласувајќи ја пренатрупаноста во ќелиите (извештај до руската Влада за посетата на КПТ на Руската Федерација од 2 до 7 декември 2001 година, параграф 32, документ: CPT/Inf (2003) 30).
203. Понатаму, Судот не може, а да не воочи во овој случај дека доказите кои му беа доставени исто така покажуваат дека основните здравствени и санитарни критериуми не биле исполнети и дека задржаните лица немале приватност како последица на фактот што тоалетите не биле одделени од останатиот дел од ќелиите.
204. Во врска со тоа, Судот повторува дека неадекватноста на условите на местата на лишување од слобода претставува структурален проблем кој се повторува во Руската Федерација кој произлегува од дисфункционалноста за рускиот затворски систем и го наведе Судот да заклучи дека има повреда на член 3 во голем број на пресуди после првото утврдување на повреда во 2002 година во предметот Калашњиков против Русија (бр. 47095/99, ECHR 2002‑VI) и да донесе пилот пресуда во гореспоменатиот случај Ананјев и други. Судот затоа во случајот за кој сега одлучува не гледа причина за да отстапи од тој заклучок.
205. Имајќи ги предвиде сите претходно наведени фактори, Судот заклучува дека условите во местата во кои биле лишени од слобода им предизвикале несомнено страдање на грузиските државјани и треба да се сметаат и како нечовечко и како понижувачко постапување кое претставувало административна практика спротивна на член 3 од Конвенцијата.
206. Затоа, Судот смета дека не е потребно да го анализира останатиот дел од опсервациите на странките во врска со условите при протерувањето на грузиските државјани во текот на релевантниот период.
VII. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 13 ОД КОНВЕНЦИЈАТА ВО ВРСКА СО ЧЛЕН 4 ОД ПРОТОКОЛ БР. 4 И ЧЛЕН 5, СТАВ 1 И СТАВ 4 И ВО ВРСКА СО ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
207. Владата жалител тврдеше дека имало повреда на член 13 од Конвенцијата во врска со член 4 од Протокол бр. 4 и член 5, став 1 и став 4 како и член 3 од Конвенцијата. Член 13 е формулиран на следниот начин:
„ Секој чии права и слободи признати со оваа Конвенција се повредени, има право на ефикасен правен лек пред домашен орган, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица кои постапуваат во службено својство.“
A. Аргументи на странките
208. Како што веќе посочи во претходните опсервации, Владата жалител истакна дека грузиските државјани немале ефикасни и достапни правни лекови против апсењата и решенијата за протерување во текот на временскиот период за кој станува збор (види параграф 120 погоре).
209. Тужената Влада ги оспори тие наводи (види параграф 121 погоре).
Б. Оцена на Судот
210. Судот повторува дека член 13 од Конвенцијата наложува „да се обезбеди домашен правен лек со кој може да се одлучи за суштината на ‘аргументиран жалбен навод’ [‘arguable complaint’] заснован на Конвенцијата и да се досуди соодветно обештетување“ (види, помеѓу останатото, Чонка, цитиран погоре, параграф 75).
211. Имајќи предвид дека Судот утврди повреда на член 4 од Протокол бр.4 и на член 5, став 1 и став 4 и член 3 од Конвенцијата, Судот не може, а да не заклучи дека наводите истакнати од Владата жалител се „аргументирани“ во смисла на член 13.
212. Всушност, утврдувањето на повреда на член 4 од Протокол бр. 4 и на член 5, став 4 од Конвенцијата само по себе подразбира дека постоел недостиг на ефикасни и достапни правни лекови. Затоа, не е потребно посебно да се испита наводот на Владата жалител за повреда на член 13 од Конвенцијата во врска со тие членови.
213. Понатаму, Судот веќе утврди дека немало ефикасни и достапни правни лекови за грузиските државјани во поглед на апсењата, задржувањето и решенијата за протерување во текот на временскиот период за кој станува збор (види параграфи 151 дo 158 погоре).
214. Затоа, Судот заклучува дека имало повреда на член 13 од Конвенцијата во врска со член 5, став 1.
215. Во однос на жалбениот навод истакнат по основ на член 13 од Конвенцијата во врска со член 3, Судот воочува дека во гореспоменатата пилот пресуда, Ананјев и други, тој одлучи дека во релевантниот временски период немало ефикасен правен лек во рускиот правен систем кој би можел да се употреби за да се стави крај на нечовечките и понижувачки услови во местата за лишување од слобода или за да се добие адевактно и доволно обештетување во врска со жалбен навод за неадекватни услови во местата за лишување од слобода (види Ананјев и други, цитиран погоре, параграф 119).
216. Оттука, Судот смета дека овој предмет не се разликува и затоа заклучува дека имало повреда на член 13 од Конвенцијата во врска со член 3.
VIII. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 14 ОД КОНВЕНЦИЈАТА ВО ВРСКА СО ЧЛЕН 4 ОД ПРОТОКОЛ БР. 4, СО ЧЛЕН 5, СТАВ 1 И СТАВ 4 И ВО ВРСКА СО ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
217. Владата жалител тврдеше дека имало повреда на член 14 од Конвенцијата во врска со член 4 од Протокол бр. 4 , член 5, став 1 и став 4 како и со член 3 од Конвенцијата. Член 14 гласи:
„Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, раѓање или кој и да е друг статус. “
A. Аргументи на странките
218. Владата жалител остана на тврдењето дека апсењата, задржувањето и протерувањето на грузиски државјани било засновано на нивното државјанство и на нивното етничко потекло, а не на нивната положба од аспект на имиграционото право на Руската Федерација. Според неа, апсењата биле мерка на одмазда против Грузија, и не биле засновани на поединечни акти на жртвите. Понатаму, тоа тврдење било поткрепено со извештајот на HRW, според кој помеѓу протераните имало Грузијци кои законски престојуваат во Руската Федерација, како пто се лица од грузиско потекло кои имаат руско државјанство, лица кои имаат дозволи за престој или дозволи за работа, или лица со валидни визи и со пријавен престој, етнички Грузијци – некои од нив чекале нивниот пасош или виза да бидат продолжени – или студенти запишани на руските универзитети.
219. Tужената Влада пак, ги негираше сите наводи кои се однесуваа на апсења и протерувања на грузиски државјани врз основа на нивното државјанство или нивното етничко потекло. Владата го повтори веќе кажаното во нејзините претходни опсервации, имено, дека грузиските државјани биле уапсени, задржани и протерани како дел од генерална политика на справување со илегалната миграција од причина што тие незаконски престојувале во Руската Федерација (немале валидна виза, дозвола за престој или работна дозвола, или потврда за престојувалиште - види параграф 25 и параграфи 115 и 116 погоре во пресудата). Во врска со тоа, сослушувањето на сведоците покажало дека процедурата која била применета за грузиските државјани била сосем иста како и процедурата применета во однос на други странски државјани кои извршиле ист тип на прекршоци. Владата понатаму истакна дека наводите на Владата жалител во врска со протерувањето на руските државјани со грузиско потекло во текот на релевантниот период биле неосновани.
Б. Оцена на Судот
220. Судот смета дека, во околностите на случајот, жалбените наводи истакнати од Владата жалител по основ на член 14 од Конвенцијата во врска со член 4 од Протокол бр. 4 и член 5, став 1 и став 4 се идентични – иако истакнати од поинаков аспект – со наводите кои веќе беа разгледани по последните два члена и во врска со кои Судот утврди повреда. Затоа, Судот смета дека не е потребно да утврди дали во овој случај имало повреда на член 14 во врска со тие одредби поради дискриминирачко постапување кон грузиските државјани.
221. Судот исто така смета дека не е потребно да испита дали имало повреда на член 14 од Конвенцијата во врска со член 3, со оглед на тоа дека неадекватноста на условите на лишување од слобода во руските затвори се однесувала на сите лица лишени од слобода без оглед на нивното државјанство.
IX. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 18 ОД КОНВЕНЦИЈАТА ВО ВРСКА СО ЧЛЕН 4 ОД ПРОТОКОЛ БР. 4, ЧЛЕН 5, СТАВ 1 И СТАВ 4 И ВО ВРСКА СО ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
222. Владата жалител се повика на член 18 од Конвенцијата, кој гласи:
„Дозволените ограничувања за споменатите права и слободи според оваа Конвенција, може да се применуваат само за оние цели за кои се и предвидени.“
223. Судот повторува дека член 18 нема автономна улога. Тој може да се примени само во врска со други членови од Конвенцијата (види, помеѓу другото, Гусинскиј против Русија, бр. 70276/01, параграф 73, ECHR 2004‑IV; Mудајеви против Русија, бр. 33105/05, параграф 127, 8 април 2010 година; Луценко против Украина, бр. 6492/11, параграф 105, 3 јули 2012 година; и Тимошенко против Украина, бр. 49872/11, параграф 294, 30 април 2013 година).
224. Судот веќе го забележа постоењето на административна практика која е спротивна на член 4 од Протокол бр. 4. член 5, став 1 и член 3 од Конвенцијата поединечно и заклучи дека имало повреда на член 5, став 4. Затоа, Судот смета дека не е потребно да ги испита исите прашања од аспект на член 18 од Конвенцијата.
X. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 1 ОД ПРОТОКОЛ БР. 7
225. Владата жалител се повика на член 1 од Протокол бр. 7, којшто предвидува:
„1. Странец кој законски престојува на територијата на една држава не може од неа да биде протеран, освен во случај на извршување на одлука донесена во согласност со закон, при што тој има право:
(a) да изнесе причинитпротив неговото,
(б) да побара преиспитување на неговиот случај и
(в) да му се овозможи за таа цел да биде застапуван пред надлежниот орган или пред лицето или лицата кои тие орган ќе ги определи.
2. Странец може да биде протеран пред остварување на неговите права според ставот 1-а,б,в, од овој член доколку тоа протерување е неопходно во интерес на јавниот ред или од причини на националната безбедност.“
A. Аргументи на странките
226. Владата жалител истакна дека многумина од грузиските државјани законски престојувале во Руската Федерација и во врска со тоа се повика на извештајот на HRW.
227. Според тужената Влада, освен неколку исклучоци, сите грузиски државјани протерани врз основа на административно решение после судска постапка незаконски престојувале на руска територија затоа што нивните документи не биле уредни. Затоа, член 1 од Протокол бр. 7, којшто се применувал само на лица кои законски престојуваат на територијата на една држава, не бил применлив во овој случај.
Б. Оцена на Судот
228. Судот воочува дека член 1 од Протокол бр. 7 се однесува изречно на странци „кои законски престојуваат на територијата на една држава“.
229. Имајќи ги предвид сите документи со кои располага. Судот смета дека не беше докажано дека во текот на периодот за кој станува збор имало апсења и протерувања на грузиски државјани кои законски престојувале на територијата на Руската Федерација.
230. Затоа, Судот смета дека жалбениот навод истакнат од Владата жалител по основ на овој член не е доволно поткрепен со докази и дека доказите кои беа изведени не се доволни за да заклучи дека имало повреда.
231. Затоа, Судот заклучува дека немало повреда на член 1 од Протокол бр. 7.
XI. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА И НА ЧЛЕН 1 И ЧЛЕН 2 ОД ПРОТОКОЛ БР. 1
232. Владата жалител се повика на член 8 од Конвенцијата којшто предвидува:
„1. Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако е неопходно во едно демократско општество во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите.“
233. Tаа исто така се повика на Протокол бр. 1, чиј член 1 и 2 предвидуваат:
“Секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Никој не може да биде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и под услови предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право.
Претходните одредби не навлегуваат во правото на државите да донесуваат закони кои ги сметаат за неопходни за регулирање на користењето на имотот согласно општиот интерес или за да го обезбедат плаќањето на данок, други придонеси и парични казни.“
„Никому не може да му се одземе правото на образование. Во своето дејствување во областа на образованието и наставата, државата ги почитува правата на родителите да обезбедат образование и настава во согласност со своите верски и филозофски убедувања.“
A. Аргументи на странките
234. Владата жалител се повика на своите опсервации претходно поднесени пред Судскиот совет во врска со наводната повреда на член 8 од Конвенцијата и член 1 од Протокол бр. 1.
Tаа поконкретно истакна дека со поединечните решенија за протерување не била земена предвид семејната состојба на засегнатите лица, што за последица имало поделба на семејства (понекогаш многу мали деца биле препуштени сами на себе) спротивно на обврските од член 8 од Конвенцијата. Понатаму, откривањето од страна на училиштата и универзитетите на податоци за потеклото, семејната состојба и адресата на учениците Грузијци не било предвидено со закон и исто така со тоа се прекршувал истиот тој член.
Понатаму, условите при апсење и додека биле лишени од слобода грузиските државјани често ги навеле да го напуштат својот имот, мерките за протерување и прекинувањето на комуникациските врски помеѓу Руската Федерација и Грузија ги спречиле покасно да ги преземат неопходните мерки за заштита на нивниот имот, што резулутирало во повреда на член 1 од Протокол бр. 1.
На крај, затворањето на руските училишта во Грузија им оневозможило пристап на учениците Грузијци до настава на руски јазик и било спротивно на член 2 од Протокол бр. 1.
235. Tужената Влада и во врска со тоа нагласи дека Владата жалител не поднесла никакви докази во поддршка на нејзините наводи.
Во однос на член 8 од Конвенцијата, таа кажа по првото прашање дека било многу тешко за руските судови да добијат информации за точната семејна состојба на грузиските државјани, и повтори дека стриктно гледано не постоело право на семејно обединување [right to family reunification]. Во однос на втората точка, таа остана на ставот дека доколку биле поднесени такви барања за информации од страна на руските органи, службените лица кои ги испратиле биле потоа соодветно казнети.
Во однос на член 1 од Протокол бр. 1, на грузиските државјани не им било одземено нивното право на сопственост и тие можеле да поднесат тужба во врска со поседот и уживањето на нивниот имот.
На крај, член 2 од Протокол бр. 1, руските училишта во Грузија биле раководени од руското Министерство за одбрана и биле затворени после заминувањето на руските војници од Грузија.
Б. Оцена на Судот
236. Судот смета дека жалбените наводи истакнати од Владата жалител по основ на тие членови не се доволно поткрепени со докази и дека доказите изведени пред него не се доволни за да се заклучи дека имало повреда.
237. Затоа, Судот заклучува дека немало повреда на член 8 од Конвенцијата и на член 1 и член 2 од Протокол бр. 1.
XII. ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
238. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
239. Владата жалител побара Судот „да додели правично задоволување согласно член 41, имено, надомест на штета, репарација, враќање во поранешната состојба, надомест на трошоци и издатоци и други видови обештетување кои ќе се прецизираат за сета материјална и нематеријална штета која биле претрпена од оштетените страни како последица на повредите и водењето на тие постапки.“ (види параграф 79 погоре).
240. Судот смета дека не е подготвено да одлучува по прашањето за примена на член 41 од Конвенцијата.
ОД ТИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучува, со шеснаесет гласа за и еден против, дека имало повреда на член 38 од Конвенцијата;
2. Одлучува, со шеснаесет гласа за и еден против, дека есента 2006 година во Руската Федерација имало координирана политика на апсење, задржување и протерување на грузиски државјани која претставувала административна практика во смисла на судската практика заснована на Конвенцијата;
3. Го одбива, со шеснаесет гласа за и еден против, претходниот приговор на тужената Влада дека не биле искористени домашните правни лекови во тој поглед;
4. Одлучува, едногласно, дека жалбата на Владата жалител била поднесена во рокот од шест месеци предвиден во член 35, став 1 од Конвенцијата;
5. Одлучува, со шеснаесет гласа за и еден против, дека протерувањата на грузиски државјани во текот на релевантниот временски период претставувале административна практика со која се прекршува член 4 од Протокол бр.4;
6. Одлучува, со шеснаесет гласа за и еден против, дека апсењата и задржувањето на грузиски државјани во текот на релевантниот период претставувале административна практика со која се крши член 5, став 1 од Конвенцијата;
7. Одлучува, со шеснаесет гласа за и еден против, дека недостигот на правни лекови кои грузиските државјани би ги употребиле во однос на апсењата, задржувањето и решенијата за протерување во текот на релевантниот временски период доведувал до повреда на член 5, став 4 од Конвенцијата;
8. Одлучува, со шеснаесет гласа за и еден против, дека условите во кои биле лишени од слобода грузиските државјани во текот на релевантниот период претставувале административна практика со која се крши член 3 од Конвенцијата;
9. Одлучува, со шеснаесет гласа за и еден против, дека не е потребно по основ на член 3 да го разгледа останатиот дел на опсервациите на странките во врска со условите при протерување на грузиските државјани во текот на релевантниот период;
10. Одлучува, со тринаесет гласа за и четири против, дека имало повреда на член 13 од Конвенцијата во врска со член 5, став 1 од Конвенцијата;
11. Одлучува, со шеснаесет гласа за и еден против, дека имало повреда на член 13 од Конвенцијата во врска со член 3 од Конвенцијата;
12. Одлучува, едногласно, дека не е потребно да ги разгледа жалбените наводи истакнати од Владата жалител по основ на член 13 од Конвенцијата во врска со член 4 од Протокол бр. 4 и член 5, став 4 од Конвенцијата;
13. Одлучува, со шеснаесет гласа за и еден против, дека не е потребно да ги разгледа жалбените наводи истакнати од Владата жалител по основ на член 14 од Конвенцијата во врска со член 4 од Протокол бр. 4 и член 5, став 4 и член 3 од Конвенцијата;
14. Одлучува, со шеснаесет гласа за и еден против, дека не е потребно да ги разгледа жалбените наводи истакнати од Владата жалител по основ на член 18 од Конвенцијата во врска со член 4 од Протокол бр. 4 и член 5, став 1 и став 4 и со член 3 од Конвенцијата;
15. Одлучува, со шеснаесет гласа за и еден против, дека немало повреда на член 1 од Протокол бр.7;
16. Одлучува, едногласно, дека немало повреда на член 8 од Конвенцијата и член 1 и член 2 од Протокол бр. 1;
17. Одлучува, едногласно, дека прашањето за примена на член 41 од Конвенција не е подготвено за носење одлука;
И затоа,
a) нема во моментот да одлучи за споменатото прашање како целина;
б) ја повикува Владата жалител и тужената Влада во рокот од дванаесет месеци од денот на достава на оваа пресуда, да ги достават во писмена форма нивните опсервации за тоа прашање и, посебно, да го известат Судот доколку постигнат некаков договор; в) ја запира понатамошната постапка и на Претседателот на Судот му делегира овластување ако е потребно да одлучи во тој поглед.
Пресудата беше изработена на англиски и француски јазик и јавно објавена во Зградата на човековите права, Стразбур, на 3 јули 2014 година.
Мајкл О’БојлЈусеп Касадевал
Заменик секретарПретседател
Во согласност со член 45, став 2 од Конвенцијата и правило 74, став 2 од Правилата на Судот, следните издвоени мислења се приклучени кон оваа пресуда:
(a) делумно спротивставено мислење на судијата Лопез Гуера кон кое се приклучија судиите Браца и судијата Калајџиева;
(б) делумно спротивставено мислење на судијата Цоцориа;
(в) спротивставено мислење на судијата Дедов.
J.C.M.
M.O’B.
Издвоените мислења не беа преведени, но се појавуваат на англиски и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy