© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка за судската пракса на Судот бр. 176
јули 2014 година
Грузија против Русија(бр. 1) [ГСC] - 13255/07
Пресуда 3.7.2014 [ГСC]
Член 4 од Протокол бр. 4
Забрана на колективно протерување на странци
Колективно протерување на грузиски државјани од страна на руските власти од октомври 2006 до јануари 2007 година: административна практика која го повредува горенаведениот член
Член 33
Меѓудржавен случај
Колективно протерување на грузиски државјани од страна на руските власти од октомври 2006 до јануари 2007 година
Член 35
Член 35-1
Искористување на домашни правни лекови
Неприменливост на обврската за искористување на домашни правни лекови поради административна практика на апсење, задржување и протерување грузиски државјани: претходниот приговор бил одбиен
Факти – Случајот се однесувал на апсење, задржување и протерување од Русија на голем број грузиски државјани од крајот на септември 2006 година до крајот на јануари 2007 година. Фактите на случајот биле спорни помеѓу страните.
Според грузиската Влада, во текот на тој период биле изречени повеќе од 4,600 решенија за протерување на грузиски државјани од страна на руските органи, од кои повеќе од 2,300 биле притворени и присилно протерани, додека пак останатите заминале самите. Тоа било голем пораст на месечниот број на протерувања на грузиски државјани.
Во поткрепа на наводот дека порастот на бројот на протерувања бил последица на политика со која се таргетираат грузиски државјани, грузиската Влада доставила повеќе документи издадени на почетокот и на средината на октомври 2006 година од страна на руските органи. Со овие документи, кои упатуваат на два циркулара издадени на крајот на септември 2006 година, наводно им се наредувало на вработените да преземат обемни мерки за идентификација на грузиски државјани кои нелегално престојуваат во Русија, со цел да бидат лишени од слобода и депортирани. Грузиската Влада исто така доставила две писма од руските регионални власти кои биле испратени до училиштата на почетокот на октомври 2006 година во кои било побарано да се идентификуваат учениците Грузијци.
Руската Влада ги оспорила тие наводи. Таа рекла дека само имплементирала имиграциона политика и дека не презела мерки на одмазда. Што се однесува на бројот на протерувања, таа водела само годишна и полугодишна статистичка евиденција која покажувала дека имало околу 4,000 решенија за протерување на грузиски државјани во 2006 година и околу 2,800 од 1 октомври 2006 година до 1 април 2007 година. Што се однесува на документите на кои се повикала грузиската Влада, руската Влада тврдела дека тие биле фалсификувани. Иако го потврдила постоењето на тие циркулари, руската Влада ја оспорила содржината истовремено одбивајќи, од причина што тие биле класифицирани како „државна тајна“ – да ја открие нивната содржина на Европскиот суд за човекови права. Руската Влада не ја оспорила содржината на писмата испратени до училиштата во кои се барало да бидат идентификувани ученици Грузијци, но кажала дека тоа биле акти на ревносни службеници кои покасно биле казнети.
Повеќе меѓународни владини и невладини организации, вклучувајќи го Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (PACE), известиле во 2007 година за протерување на грузиски државјани, посочувајќи на координирана акција на руските административни и судски органи.
Право – член 38: Руската Влада одбила на Судот да му достави копии од двата циркулара издадени од надлежните органи на крајот на септември 2006 година од причина што тие биле класифицирани документи чие објавување било забрането со рускиот закон. Судот веќе имал одлучено во повеќе претходни предмети во врска со документи класифицирани како „државна тајна“ дека тужените Влади не можат да се повикаат на одредбите на домашен закон за да го оправдаат нивното одбивање да постапат по барање на Судот да достават докази.* Во секој случај, руската Влада не дала конкретно објаснување за тајноста на циркуларите и, дури и ако се претпостави дека имало легитимни безбедносни интереси циркуларите да не бидат објавени, согласно правило 33, став 2 од Правилата на Судот имало можности Судот да го ограничи пристапот на јавноста до така објавените документи, на пример, преку давање гаранции за доверливост. Судот затоа одлучил дека Русија не ја исполнила својата обврска да ги обезбеди сите неопходни услови за да му помогне на Судот во неговата задача на утврдување на фактичката состојба.
Заклучок: непочитување на член 38 (шеснаесет гласа за, еден против).
Член 35 § 1 (искористување на домашните правни лекови): Почнувајќи од октомври 2006 година во Руската Федерација била воведена координирана политика на апсење, задржување и протерување на грузиски државјани. Таа политика претставувала административна практика, што значи, во согласност со воспоставената судска пракса на Судот, правилото за искористување на домашните правни лекови не важело.
При тоа, Судот воочил дека немало ништо со што би се довела во прашање веродостојноста на бројките посочени од грузиската Влада: 4,600 решенија за протерување на грузиски државјани, од кои приближно 2,380 биле лишени од слобода и присилно отстранети. Настаните за кои станува збор – издавањето на циркулари и упатства, масовни апсења и протерувања на грузиски државјани, летови на групи грузиски државјани од Москва до Тбилиси и писма испратени до училиштата од страна на руски службени лица со цел да се идентификуваат грузиски државјани – се случиле во истиот временски период на крајот на септември/почеток на октомври 2006 година.
Совпаѓањето на описот на тие настани во извештаите на меѓународните владини и невладини организации било исто така важно. Понатаму, со оглед на тоа дека Судот утврдил повреда на член 38, имало силна претпоставка дека наводите на грузиската Влада во врска со содржината на циркуларите со кои се наредува таргетирано протерување на грузиски државјани се веродостојни.
Што се однесува на ефикасноста и достапноста на домашните правни лекови, документите изведени пред Судот посочувале дека имали реални пречки за грузиските државјани да искористат правни лекови, и пред руските судови и после протерувањето во Грузија. Tие биле изведувани пред суд во групи. На некои од нив не им било дозволено да влезат во судница, додека пак тие кои биле во судница се жалеле дека испрашувањето на судијата траело во просек пет минути без соодветно да се испитаат фактите. Потоа ним им било наредено да потпишуваат судски решенија без да ја прочитаат нивната содржина или да добијат копија. Тие лице немале толкувач или адвокат, и по правило, судиите и полициските службеници ги одвраќале од поднесување на жалба.
Заклучок: постоела административна практика (шеснаесет гласа за, еден против), претходниот приговор бил одбиен (шеснаесет гласа за, еден против).
Член 4 од Протокол бр. 4: Грузија тврдела дена нејзините државјани биле подложени на колективно протерување од територијата на Руската Федерација. Судот повторил дека во смисла на член 4 од Протокол бр.4 колективното протерување требало да се сфати како секоја мерка со која странци се принудуваат, како група, да ја напуштат земјата, освен кога таквата мерка била донесена после и врз основа на разумно и објективно испитување на поиднечниот случај на секој член на групата.** За разлика од позицијата по основ на член 1 од Протокол бр.7, член 4 од Протокол бр. 4 бил применлив дури и кога протераните илегално престојувале на засегнатата територија.
Судот забележал дека описот на скратената постапка пред руските судови, даден од сведоците Грузијци се совпаѓал со описот на меѓународните владини и невладини организации. Судот воочил поконкретно дека, според Мониторинг комитетот на PACE, протерувањата се спроведувале на ист начин низ целата земја и дека во нивните извештаи меѓународните организации се повикале на координација помеѓу управните и судските органи.
Во текот на релевантниот период руските судови донеле илјадници решенија за протерување на грузиски државјани. Иако, формално било носено решение за секој грузиски државјанин поединечно, Судот сметал дека водењето на постапките за протерување во тој период, откако биле издадени циркуларите и упатствата, и бројот на грузиските државјани протерани од октомври 2006 година па натака, онемозможиле судовите разумно и објективно да го испитаат конкретниот случај на секој поединец.
Иако секоја држава имало право да креира своја имиграциона политика, проблемите во регулирањето на мигрантските текови не можеле да оправдаат практики кои не се компатибилни со обврските на државата согласно Конвенцијата.
Протерувањата на грузиски државјани во текот на релевантниот период не биле спроведени врз основа на разумно и објективно испитување на конкретниот случај на секој поединец. Тоа претставувало административна практика која е спротивна на член 4 од Протокол бр.4.
Заклучок: постоела административна практика која е спротивна на член 4 од Протокол бр. 4 (шеснаесет гласа за, еден против).
Големиот судски совет исто така одлучил, со шеснаесет гласа за и еден против, дека апсењата и задржувањето на грузиски државјани во Русија во текот на релевантниот период биле дел од координирана политика на апсење, задржување и протерување на грузиски државјани и кои затоа биле арбитрерни. Како такви тие претставувале административна практика спротивна на член 5, став 1 од Конвенцијата. Судот со исто мнозинство одлучил дека отсуството на ефикасни и достапни правни лекови за грузиските државјани во поглед на апсењата, задржувањето и решенијата за протерување го прекршувало член 5, став 4 од Конвенцијата, додека пак условите во кои биле лишени од слобода (пренатрупаност, неадекватни хигиенски и здравствени услови како и немање на приватност), претставувале административна практика спротивна на член 3. Судот исто така утврдил повреди на член 13 во врска со член 5, став 1 (тринаесет гласа, четири против) и во врска со член 3 (шеснаесет гласа за и еден против).
Судот (со шеснаесет гласа за и еден против) не нашол повреда на член 1 од Протокол бр. 7 (процедурални гаранции за заштита во врска со протерување на странци), затоа што таа одредба изречно предвидувала „странци кои законито престојуваат на територијата на државата“ и дека не било утврдено дека во текот на релевантниот период имало и апсења и протерувања на грузиски државјани кои легално престојувале на територија на Русија. На крајот, Судот не утврдил повреда на член 8 и член 1 и член 2 од Протокол бр.1 (едногласно).
Член 41: по тоа прашање Судот ќе одлучи дополнително.
* Davydov and Others v. Ukraine, 17674/02 и 39081/02, 1 јули2010; Nolan and K. v. Russia, 2512/04, 12 February 2009, Information Note 116; and Janowiec and Others v. Russia [GC], 55508/07 and 29520/09, Information Note 167.
** Види Čonka v. Belgium, 51564/99, 5 February 2002, Information Note 39; see also Sultani v. France, 45223/05, 20 September 2007, Information Note 100; and Hirsi Jamaa and Others v. Italy [GC], 27765/09, 23 February 2012, Information Note 149.
© Coвет на Европа/Eвропски суд за човекови права
Ова резиме подготвено од Секретаријатот на Судот не го обврзува Судот
На овој линк може да се најдат Информативни белешки од судската пракса
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy