© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012
Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации види ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012
This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012
La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТИ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ GILLAN И QUINTON против ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
(Жалба бр. 4158/05)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
12 јануари 2010
КОНЕЧНА
28/06/2010
Оваа пресуда е конечна според член 44 § 2 од Конвенцијата. [Пресудата]Може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Gillan и Quinton п.Обединетото Кралство,
Европскиот за човекови права (Четврти оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Lech Garlicki, Претседател,
Nicolas Bratza,
Giovanni Bonello,
Ljiljana Mijović,
Päivi Hirvelä,
Ledi Bianku,
Nebojša Vučinić, судии,
и Lawrence Early, Секретар на оддел,
Расправајќи на затворени седници на 12 мај и 8 декември 2009,
Ја донесува следната пресуда, која беше усвоена на второнаведената дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 4158/05) против Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска поднесена пред Судот според член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од двајца Британски државјани, г-н Kevin Gillan и г-ѓа Pennie Quinton („жалителите“) на 26 јануари 2005. Целосно пополнетата жалба беше поднесена на 30 април 2007.
2. Жалителите, на кои им беше одобрена правна помош, беа застапувани од г-ѓа Corinna Ferguson, адвокат од Лондон. Владата на Обединетото Кралство („Владата“) беше застапувана од нејзиниот агент, г-н John Grainger, од Форин и Комонвелт Офисот.
3. Жалителите тврдеа дека овластувањата на полицијата за сопирање и претрес употребени против нив ги шрекршиле нивните права од членовите 5, 8, 10 и 11 од Конвенцијата.
4. На 30 мај 2008 Претседателот на Советот одлучи да ги комуницира жалбените наводи до Владата. Исто така беше одлучено да се разгледа основаноста на жалбата во исто време со нејзината допуштеност (член 29 § 3).
5. Расправа се одржа јавно во Зградата на човековите права, Стразбур, на 12 мај 2009 (правило 59 § 3).
Пред Судот пристапија:
(a) за Владата
г-нJ. Grainger, Агент,
г-н J. Eadie QC,
г-н J. Milford,Адвокат,
г-н M. Kumicki,
г-н A. Mitham,
г-ѓаJ. Gladstone, Советници;
(б) за жалителите
г-нB. Emmerson QC,
г-н A. Bailin, Адвокати,
г-ѓаC. Ferguson, Советници.
Судот слушна обраќања од г-н Emmerson и г-н Eadie, како и нивните одговори на шрашања поставени од судии.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
6. Жалителите се родени во 1977 и 1971 соодветно и живеат во Лондон.
A.Претресување на жалителите
7. Помеѓу 9 и 12 септември 2003 имало меѓународна изложба на одбранбени системи и опрема („саемот за оружје“) во Excel центарот во Доклендс, Источен Лондон, против која имало протести и демонстрации.
8. Околу 10.30 часот на 9 септември 2003 првиот жалител возел велосипед и носел ранец во близина на саемот за оружје, движејќи се да се придружи кон демонстрациите. Бил сопрен и претресен од страна на двајца полициски службеници кои го информирале дека е претресуван врз основа на член 44 од Законот за тероризам од 2000 („Законот од 2000“: види параграфи 28-34 подолу) за предмети кои би можеле да бидат употребени во врска со тероризам. Му било дадено известување во врска со тоа. Првиот жалител тврдеше дека како одговор на неговото прашање зошто е сопрен му било кажано дека бил сопрен затоа што имало многу протестанти а полицијата била загрижена дека тие би предизивикале проблеми. Не било најдено ништо инкриминирачко (иако испечатени листови со информации за демонстрациите биле одземени од страна на полициските службеници) и му било дозволено на првиот жалител да продолжи по својот пат. Бил задржан приближно 20 минути.
9. На 9 септември 2003 во приближно 13.15 часот, втората жалителка, носејќи фотографска јакна, мала чанта и држејќи фото-апарат во нејзината рака, била сопрена во близина на саемот за оружје. Таа наводно се појавила од некои грмушки. Втората жалителка, новинарка, била во областа за да ги снима протестите. Била прегледана од страна на полициски службеник од метрополитенската полиција [полиција за поширокото градско подрачје на Лондон] и покрај тоа што таа покажала новинарска легитимација за да го докаже својот идентитет. И било кажано да престане да снима. Полициската службеничка и кажала дека таа ги користела своите овластувања од членовите 44 и 45 од Законот од 2000. Не било најдено ништо инкриминирачко и на втората жалителка и било дозволено да продолжи по својот пат. Записникот од нејзиниот претрес покажувал дека била сопрена во времетраење од пет минути но таа мислела дека всушност тоа траело триесет минути. Таа тврдела дека се чувствувала толку заплашено и вознемирено што не можела да се врати на демонстрациите иако имала намера да сними документарен филм и да го продаде.
Б.Постапка на судска контрола
1.Високиот суд
10. Жалителите побарале да ја оспорат законитоста на овластувањата за сопирање и преглед употребени против нив преку судска контрола. Пред рочиштето пред Високиот суд, Министерот за внатрешни работи им понудил на жалителите постапка која би му дала право на Високиот суд да ги разгледува разузнавачките материјали кои биле причината за одлуката на Министерот за внатрешни рабти да го потврди одобрението (член 46 од Законот од 2000 види параграфи 30-31 подолу) на затворена седница, со помош на поднесоци од специјален адвокат. Жалителите, сепак, посочиле дека тие не сметале дека е неопходно или соодветно да се постапи на тој начин, со оглед на тоа што тие немале намера да ја оспорат оцената дека постоела општа закана за тероризам против Обединетото Кралство. Наместо тоа, тие сметале, прво, дека одобрението и потврдувањето за кои станувало збор, со оглед на тоа дека тие биле дел од непрекината програма на одобренија кои го покривале целото градско подрачје на Лондон, биле ultra vires и незаконски, затоа што имало повеќе јасни индкации дека Парламентот имал намера одобрение според член 44 од Законот од 2000 („одобрение по член 44“) да биде издадено и потврдено само како одговор на блиска терористичка закана во однос на конкретна локација за која вообичаените полициски овластувања за сопирање и преглед биле несоодветни. Второ, жалителите тврделе дека користењето на одобрение од член 44 од страна на полициските службеници за да ги сопрат и претресат на саемот за оружје било спротивно на целта на законот и незаконско и дека на полициските службеници не им било дадено никакво упатство или упатството било дадено на начин за полициските службеници погрешно да ги применат нивните овластувања. Трето, жалителите тврдеа дека одобренијата од член 44 и употребата на овластувањата дадени со нив претставувале непропорционално мешање со нивните права од членовите 5, 8, 9, 10 и 11 од Конвенцијата.
11. На 31 октомври 2003, Дивизискиот суд го одбил барањето ([2003] EWHC 2545). Лордот судија Brooke, донесувајќи ја пресудата на судот, одлучил дека Парламентот предвидел дека одобрение од член 44 би можело да се однесува на цело едно полициско подрачје како одговор на општа закана за терористички дејствија од големи размери и дека одобрението и потоа потврдувањето од Министерот за внатрешни работи не биле ultra vires.
[Лордот судија] Brooke LJ заклучил како што следи, во однос на вториот основ кој жалителите го оспорувааат:
„Овластувањата дадени на полицијата според член 44 се овластувања кои повеќето Британци би се надевале дека се потполно неопходни во оваа земја, особено во време на мир. Луѓето отсекогаш биле слободни да се движат во оваа земја како што сакаат освен ако полицијата има основана причина да ги сопре. Парламентот, сепак проценил декал современите закани од меѓународниот тероризам и тероризмот на ирските дисиденти се такви што како народ би требало да бидеме задоволни што полицијата може да не сопре и претресе кога сака за предмети кои би можеле да се поврзани со тероризам.
Основно е дека ако полицијата ги злоупоребува тие овластувања и ги насочува против оние кои таа смета дека не и се посебно наклонети, терористите во таа мерка ќе победат. Правото на мирни протести против саем за оружје е исто толку важно како и правото на шетање или возење велосипиед по улиците на Лондон без да се биде сопрен од полицијата освен ако таа има основана причина. Ако полицијата сака да ги употреби своите посебни овластувања да сопрат и вршат претрес на лица тие мора да ги користат на начин кој не предизвикува оправдана загриженост за арбитрерна злоупотреба на овластувањата.
Ние не сме, сепак, убедени дека однесувањето на полицијата на 9 септември ги овластува г-н Gillan или г-ѓа Quinton на правно средство од јавно право. Има точно толку докази за да не убеди дека, во отсуство на било какви докази дека тие овластувања биле вообичаено користени на настани кои би можеле да претставуваат симболични цели, саемот за оружје бил настан кој доволно ја загрижувал полицијата за да ја убеди дека користењето на овластувањрто од член 44 било потребно ... . Но, тоа само што не се случило, и метрополитенската полиција би било добро да ја преиспита својата обука и своите куси упатства и јазикот на стандардните формулари кои ги користат при сопирање/прегреси по член 44 ако сака да избегне слични оспорувања во иднина ...”
На крај, судот заклучил дека овластувањата биле предвидени со закон и не биле непропорционални, со оглед на ризикот за терористички напад во Лондон.
2.Апелациониот суд
12. Апелациониот суд донел пресуда на 29 јули 2004 ([2004] EWCA Civ 1067). Во однос на правилното толкување на законот, тој одлучил дека:
„Јасно е дека Парламентот, невообичаено, дозволил случајно сопирање и претрес, но, како што веќе посочивме при испитувањето на јазикот во релевантните членови, ја направил употребата на тие овластувања да биде подложна на заштитни мерки. Ова овластување треба да се користи само за една конкретна намена во периодот на одобрување даден од висок службеник и потврден од Министерот за внатрешни работи. Понатаму, одобрението имало ограничено траење освен ако не било продолжено.
Не сметаме дека е изненадувачки што зборот ‘соодветно’ се појавува во член 44 (3) заедно со овластувањето за одобрение. Законската замисла е да се препушти какво овластување ќе се користи на дискрецијата на раководен службеник. Согласувајќи се со Дивизискиот суд, би му го дале на зборот неговото вообичаено значење на адекватно. Во целост е конзистентно со законодавната рамка дека овластување од овој вид треба да биде употребено кога висок полициски службеник смета дека е препорачливо да се користи тоа овластување за спречување на акти на тероризам.
Толкувани на овој начин, членовите 44 и 45 не би можеле да бидат спротивни со членовите на ЕКЧП.. Ако тие членови бидат повредени тоа би било заради начинот на употреба на тие овластувања, а не заради нивното постоење. Било кое можно прекршување на ЕКЧП би зависело од околностите во кои овластувањето, кое членовите го даваат, се користи.“
13. Апелациониот суд не сметал дека е потребно да утврди дали членот 5 § 1 бил применлив, затоа што одлучил дека било какво лишување од слобода можело да се оправда според член 5 § 1(б). Сепак заклучил дека, ако по тоа прашање морало да се донесе одлука, поправилно било мислењето дека немало лишување од слобода, земајќи ја во предвид лимитираната природа на било кое прекршување во вообичаено сопирање и претрес и фактот што главната цел не би била да се лиши поединецот од слобода туку пред сѐ да се добие верификација во една или друга форма. Тој исто така не сметал дека членовите 10 и 11 биле применливи. Иако доказите на жалителите предизвикувале некаква причина за загриженост дека овластувањето било употребено против нив за да се контролира или да се обесхрабри нивното присуство на демонстрацијата, тие прашања не биле испитани затоа што ударот на нивниот аргумент бил насочен кон усогласеност на законите со Конвенцијата и, правилно користено како мерка со ограничено траење да се бараат предмети поврзани со тероризам, овластувањето за сопирање и вршење претрес не би ги прекршило правата на слобода на изразување или собирање.
14. Тужениот Началник на метрополитенската полиција, сметал дека мерките на сопирање и претрес претставувале мешање со правата на жалителите од член 8, а Апелациониот суд прифатил дека тоа бил правилниот пристап, опишувајќи го член 44 како „исклучително широко овластување за мешање во приватноста на припадниците на јавноста“. Сметал дека мешањето било, сепак, во согласност со законот, поради следните причини:
„Правото кое е сега предмет на критика е законот, а не одобрението. Тој закон е исто толку јавен запис како и било кој друг закон. И одредбите не се арбитрерни во било кој релевантен смисол. Иако полицискиот службеник не мора да има основи за сомневање за постоење на сомнителни предмети пред да сопре граѓанин во било кој конкретен случај (член 45(1)(б)), тој може да има одобрение да ги користи тие овластувања само за ограничени цели, и кога е донесена одлука дека употребата на овластувањата е соодветна за сериозната цел на спречување на терористички акти (член 44(3)). Системот, на тој начин контролиран, не може да се каже дека е арбитререн во било која смисла според која нема статус на ‘закон’ во автономното значење на тој збор како што е сфатен во јуриспруденцијата на Конвенцијата. Понатаму, иако одобренијата и нивното потврдување не се објавувват, затоа што разумно се смета дека објавувањето би и наштетило на ефикасноста на овластувањето на сопирање и претрес и затоа што поединецот кој е сопрен има право на писмена изјава според член 45(5), во овој контекст необјавувањето не значи дека тоа што се случило не било постапка пропишана со закон.“
Понатаму, со оглед на видот на терористичката закана против Обединетото Кралство, одобрението и потврдувањето на овластувањето не можеле, како прашање од општ принцип, да се каже дека се непропорционални: неповолноста на мешањето и ограничувањето дури и наметнато врз голем број на поединци преку нивно сопирање и претрес не ни можело во никој случај да ја достигне користа која настанува од можноста за терористички напад да биде на тој начин осуетена или обесхрабрена. Со оглед на природата на саемот за оружје, неговата локација во близина на аеродром и на место на претходен терористички инцидент (поврзан со проблемите со Северна Ирска) и фактот дека се одвивал протест, полицијата била овластена да одлучи дека овластувањата од член 44 треба да бидат употребени во врска со саемот. Сепак, неадекватноста на доказите обезбедени од полицијата во однос на користењето на овластувањето од член 44 во близината на саемот за оружје оневозможила да се дојде до било каков заклучок за употребата на овластувањето против жалителите.
3.Домот на лордовите
15. Домот на лордовите, на 8 март 2006, едногласно ги одбил жалбите на жалителите ([2006] UKHL 12). Лордот Bingham, со кого останатите лордови се согласиле, започнал забележувајќи:
„1. Стара и негувана традиција на нашата земја е дека секој треба да биде слободен нормално да прави тоа што обично го прави на улиците на земјата, сигурен дека дека нема да биде сопрен и претресен од полицијата освен ако постои основано сомнение дека има извршено кривично дело. Толку љубоморно оваа традиција е чувана што речиси станала уставен принцип. Но, таа не е апсолутно правило. Постојат и постоеле веќе неколку години, законски исклучоци од неа. Овие жалби се однесуваат на исклучокот кој е сега во членовите 44-47 од Законот за тероризам од 2000 (Законот од 2000). Жалителите ја оспоруваат употребата на овие членови, и, како крајна мерка, самите членови. Со оглед на тоа што секое отстапување од обичните правила бара внимателно проучување, нивното оспорување преизвикува прашања од општа важност.“
16. Првото прашање пред Домот на Лордовите се однесувало на правилното разбирање на законот. Жалителите тврделе дека членот 44(3) требало да се толкува дека дозволува да се даде одобрение само ако тој што носи одлуки имал разумна основа да смета дека овластувањата биле неопходни и соодветни, во склопот на сите околности, за спречување на тероризам. Лордот Bingham го отфрлил ова толкување затоа што зборот „соодветно“ во членот имал прилично различно значење од зборот „неопходно“. Тој продолжил:
„14. ... Но постојат исто така други причини за отфрлање на аргументот. Точно е, како што е веќе прифатено дека членот 45(1)(б), не налагајќи обврска на основано сомнение, отстапува од нормалното правило кое се применува кога полициски службеник го користи овластувањето да сопре и врши претрес. Затоа човек би можел да тежнее, во дозволените граници на толкувањето, да му се даде на [зборот] ‘соодветно’, значење кое е пошироко од тоа што контекстот го налага. Но, анализата на законскиот контекст покажува дека одобрението и користењето на овластувањето се многу прецизно регулирани, не оставајќи простор за заклучокот дека Парламентот не го мислел тоа што го кажал. Постојат навистина многу индикации дека Парламентот ја ценел важноста на овластувањето кое го давал но сметал дека е соодветна мерка за заштита на јавноста од сериозните ризици предизвикани од тероризмот, под услов овластувањето да биде подложно на ефикасни ограничувања. Законот изразува низа такви ограничувања. Прво, одобрение според член 44(1) или (2) може да биде дадено само ако лицето кое го дава смета (и, не треба ниту да се спомене, разумно смета) дека е соодветно за ‘спречување на терористички акти’. Одобрението мора да е насочено кон таа најважна цел. Второ, одобрението може да биде издадено само од многу висок полициски службеник. Трето, одобрението не може да се прошири вон границите на едно полициско подрачје, и не мора да се однесува на целото тоа подрачје. Четврто, одобрението е ограничено на период од 28 дена, и не треба да биде толку долго. Петто, одобрението мора да биде веднаш пријавено на Министерот за внатрешни работи. Шесто, одобрението истекува после 48 часа, ако не е потврдено од Министерот за внатрешни работи. Седмо, Министерот за внатрешни работи може да го скрати траењето на одобрението, или да гo отповика со дејство од определен момент. Осмо, продолжувањето на одобрение е предмет на истата постапка на потврдување. Деветто, овластувањата кои се дадени на полициски службеник со одобрение според членовите 44(1) или (2) може да се користи само за барање на предмети кои се од таков вид да можат да бидат употребени во врска со тероризам. Десетто, Парламентот направил одредба во член 126 за извештаи за спроведувањето на законот да му бидат доставувани најмалку еднаш годишно, што во овој случај било направено со темелност, правичност и експертиза за пофалба од страна на Лордот Carlile од Berriew QC. На крај, јасно е дека секоја неправилна употреба на овластувањето да се одобри или потврди или изврши претрес ќе го изложи службеникот кој дава одобрение, Министерот за внатрешни работи или полицискиот службеник, на корективни правни дејствија.
15. Принципот на законитост не наоѓа примена во овој контекст, со оглед на тоа што дури и ако е прифатено дека овие одредби повредуваат основно човеково право, што е и самото спорно тврдење, тие не го прават тоа со општи зборови туку со одредби од детален, конкретен и недвосмислен карактер. На жалителите не им е од помош ниту циркуларот на Хоум Офисот. Ова може да претставува внимателен официјален одговор на оспорувањето на жалителите, и на настојувањето на Лорд Carlile дека тие овластувања треба да се користат што помалку. Но тоа не може, дури ни убедливо, да влијае на толкувањето на член 44(3). Ефектот на тој подпараграф е дека одобрение може да биде издадено ако, и само ако, лицето кое го издава смета дека е веројатно дека тие овластувања на сопирање и вршење претрес ќе имаат значајна практична вредност и корисност во настојувањето да се оствари јавната цел кон која овие членови се насочени, спречувањето на терористички акти.“
17. Лордот Bingham го отфрлил тврдењето на жалителите дека „непрекинатата програма“ на одобренија била, ultra vires, на следниот начин:
„18. Вториот и главен основ на жалителите за оспорување беше насочен кон непрекинатата низа на одобренија кои биле во сила во метрполитенското полициско подрачје од февруари 2001, продолжувајќи до септември 2003. Било, тие наведоа, едно прашање да се одобри употреба на исклучителни овластувања за да се спречи определена и конкретна закана, но сосем друго да се одобри она што било, всушност, непрекината забрана во подрачјето на Лондон. Повторно, тоа не е неиздржано размислување. Човек може да замисли дека одобрение кое е продолжувано месец по месец би можело да стане продукт на рутинска бирократска пракса а не на размислување засновано на информации кое членовите 44 и 46 јасно го наложуваат. Но, сите одобренија и потврди релевантни за овие жалби биле во согласност со законските ограничувања временски и по подрачје. Нивното продолжување било изречно дозволено со член 46(7). Одобренијата и потврдите го почитувале словото на законот. Доказите на Заменик началникот и на Catherine Byrne не го подржуваат, и навистина се спротивни со, заклучокот за рутинска бирократска пракса. Возможно е Парламентот, донесувајќи закони пред настаните од септември 2001, дека не предвидел непрекината низа на одобренија. Но, тој јасно имал намера овластувањата од член 44 да бидат достапни за да се употребат кога терористичка закана е откриена и во чие решавање таква употреба би помогнала, а праксата на продолжувања која се развила сѐ до септември 2003 (познато е дека праксата оттогаш се промени) била самата продукт на принципиелното одбивање на Парламентот да ги довери тие исклучителни овластувања на сопирање и претрес континуирано и ширум целата земја. Известувајќи за спроведувањето на Законот од 2000 во текот на 2002 и 2003, Лордот Carlile ...заклучил дека членовите 44 и 45 останувале потребни и пропорционални на континуираниот и сериозниот ризик од тероризам, и го сметал Лондон како ‘специјален случај, имајќи ранливи добра и релевантни резиденцијални области во скоро секоја општина’.”
18. На прашањето дали било кој од жалителите бил лишен од слобода како резултат на постапката на сопирање и претрес, Лордот Bingham коментирал за непостоењето на било каква одлука на Европскиот суд за човекови права во однос на доволно слични факти и прифатил дека имало некои карактеристики кои укажуваат на лишување од слобода, како што е присилниот карактер на мерката. Сепак, со оглед на тоа што постапката вообичаено треба да е релативно кратка и што лицето кое е сопрено нема да биде уапсено, нема да му бидат ставени лисици, нема да биде затворено или однесено на некое друго место, таквото лице не треба да се смета „дека е лишено од слобода во смисла дека е затворено или ставено во притвор, туку пред сѐ лишено од слобода во смисла дека е спречено да продолжи да се движи или дека е принудено да чека“. Членот 5, затоа, не бил применлив.
19. Што се однесува на прашањето дали член 8 бил применлив, Лордот Bingham:
„28. ... се сомневал дали обичен површен претрес на лицето може да се каже дека покажувал непочитување на приватниот живот. Точно е дека ‘приватниот живот’ е широко толкуван за да вклучи обемни права на лична автономија. Но, јасна јуриспруденција на Конвенцијата е дека мешањето мора да достигне определено ниво на сериозност за да го ангажира функционирањето на Конвенцијата, која е, на крај, насочена кон човекови права и основни слободи, и се согласувам со ставот дека било кој обичен претрес на лица и отворање на чанти, од видот на кој патниците се подложни без поплаки на аеродромите, на пример, тешко може да се каже дека го достигнува тоа ниво.“
20. Лордот Bingham не сметал дека овластувањето за сопирање и претрес според членовите 44-45, правилно користено во согласност со законот и Кодексот А, би можело да се употреби за да се повредат правата на едно лице од членовите 10 или 11 од Конвенцијата.
21. И покрај неговите сомневања за применливоста на членовите 5, 8, 10 или 11, Лордот Bingham разгледал дали овластувањата за сопирање и претрес биле во согласност со обврската на „законитост“ според Конвенцијата, како што следува:
„34. Обврската на законитост во Конвенцијата се занимава со најважните карактеристики на владеењето на правото. Користењето на овластување од страна на јавни функционери, затоа што ги засега припадниците на јавноста, мора да биде регулирано со јасно и јавно достапни правни правила. Јавноста не смее да биде ранлива на мешање од јавни функционери кои дејствуваат на било каков хир, каприц, лоша намера, наклонетост или друга цел освен таа за која овластувањето било дадено.
35. Режимот на сопирање и претрес кој се испитува не го исполнува тој тест според моето мислење. Законот од 2000 ја информира јавноста дека тие овластувања се, ако се соодветно одобрени и потврдени, достапни. Ги дефинира и ограничува овластувањата со значителна прецизност. Кодексот А, јавен документ, детално ја опишува постапката. Законот и Кодексот не наложуваат фактот или деталите на било кое одобрение да бидат објавени на било каков начин, дури ни ретроактивно, но се сомневам дека треба повеќе да се сметаат за ‘закон’ отколку како постапка со која законот потенцијално се спроведува. Во секој случај, наложувањето на известување за одобрение или потврдувањето да биде објавено однапред би го уназадило потенцијално драгоцениот извор на јавна заштита. Ефикасноста на мерка како оваа би била сериозно заслабната ако потенцијалните прекршители би биле предупредени однапред. Секој кој е сопрен и претресуван мора да биде информиран, од полицискиот службеник, за сѐ што мора да знае. При употребата на овластувањето полицискиот службеник не е слободен да дејствува арбитрерно, и ќе биде подложен на граѓанска тужба ако тоа го прави. Точно е дека тој не мора да има сомневање пред да сопре и изврши претрес на припадник на јавноста. Ова не може, реално, да се толкува како налог за сопирање и претресување на лица кои очигледно не се осомничени за тероризам, што било бесполезно и би значело губење на време. Тоа е за да се осигура дека полицискиот службеник не е обесхрабрен да сопре и претресе некое лице за кое се сомнева дека е потенцијален терорист од страв дека не може да докаже разумни основи за тоа сомневање. Не е сугерирано дека полициските службеници во овие случаи ги употребиле овластувањата на дискриминирачки начин (не би било во согласност со фактите), и јас преферирам да не кажам ништо на темата за дискриминација.“
...
23. Лордот Brown од Eaton-under-Heywood забележал, помеѓу останатото:
„74. Со оглед на исклучителниот (иако, како што Лордот Bingham објасни, ниту уникатен ниту посебно нов) карактер на [членот 44] овластувањето (често опишано како овластување за претрес по случаен избор, кое не бара за својата примена основано сомнение дека имало прекршување на законот), тоа е без изненадување строго ограничено со многу различни видови на ограничувања и заштитни мерки. Тие што се најдиректно релевантни за начинот на кој тоа овластување влијае на јавноста на терен, се веројатно овие. Може да биде употребено само од полициски службеник во униформа (член 44 (1) и (2)). Може да биде употребено само за потрага по предмети кои се поврзани со тероризам (член 45(1) (a)). На лицето кое се претресува не смее да му се наложи да соблече било кој дел од облека во јавност освен она што носи на глава, обувки, било каков надворешен капут, јакна или ракавици (член 45(3)). Претресот мора да се спроведе на самото место или во близина на местото каде лицето или возилото е сопрено (член 45(4)). И лицето или возилото кое е сопрено може да биде задржано само за толку време колку што е разумно потребно за да се овозможи таков претрес (член 45(4)). Иако повеќето луѓе може да се очекува да ја сметаат за непожелна и непријатна процедурата на сопирање и претрес, и иако радикално отстапува од нашето традиционално сфаќање на границите на полициското овластување, тешко може да се каже дека претставува било какво значително мешање со нашите основни граѓански слободи. Сепак, со оглед на, како што тужените правилно признаваат, дека барем во некои случаи таквата процедура ќе биде доволно наметлива за да се ангажира правото на лицето од член 8 на почитување на неговиот приватен живот, и исто така со оглед на тоа што ова овластување може да биде злоупотребено - неизбежната последица од тоа што неговата употреба не наложува основано сомневање од страна на полицискиот службеник – јасно е отворен патот за аргумент дека планот не е соодветно усогласен со условот на Конвенцијата тој да биде ‘во согласност со законот.’
75. За тој услов да биде исполнет ... не само што мешањето со правото од Конвенцијата на приватност мора да има некаква основа во домашното право (како што јасно има во Законот од 2000); не само што законот мора адекватно да биде достапен на јавноста (како што во случајот јасно е [достапен] – за разлика од, на пример, ставот во Malone v United Kingdom (1985) 7 EHRR 14); не само што законот мора да биде разумно предвидлив, за да им овозможи на тие што се засегнати соодветно да го регулираат своето однесување (услов кој во овој случај е сигурно исполнет со признавањето на јавноста, од самата формулација на законот, дека возачите и пешаците може да бидат подложени на овој вид на претресување по случаен избор и за потребата да се биде подложен на тој претрес); но мора исто така да постојат и доволни заштитни мерки за да се избегне ризикот овластувањето да се злоупотреби или да се употреби абритрерно.
76. Како што го разбирам аргументот на жалителите, тој е главно насочен кон овој последен услов: овластувањето, тврди г-н Singh, може премногу едноставно да се употреби арбитрерно и премногу тешка е заштитата против таква злоупотреба. Точно е, тој признава, ако овластувањето е всушност злоупотребено во било кој конкретен случај полицискиот службеник во прашање ќе биде подложен на граѓанска тужба за надомест на штета (и, несомнено, на полициска дисциплинска постапка). Но, тој тврди, вообичаено ќе биде невозоможно да се докаже злоупотреба на овластувањето со оглед на тоа што не се потребни посебни основи за неговата наводна законска примена. Да претпоставиме, на пример, дека полицаец всушност го користи ова овластување за негови лични причини за расно дискриминација, како ова би можело да се утврди? Едноставно нема ефикасни заштитни мерки против таква злоупотреба, нема адекватни критериуми во однос на кои треба да се цени соодветноста на неговото користење. Секако, предвидено е со параграфот 2.25 од Кодексот А (објавен кодекс кој е издаден според член 66 од Законот од 1984 за полициски и кривични докази) дека: ‘Полициските службеници мора да обратат посебно внимание да не дискриминираат припадници на малцински етнички групи во користењето на овие овластувања’. Но, жалителите велат, дека едноставно не постои начин на спроведување на таа инструкција во однос на користење на толку широко овластување [кое може да се користи] по случаен избор. Не постои начин, значи, тврди [адвокатот на жалителите], освен ако тоа не е преку сопирање и претресување на буквално секој (како, се разбира, што се случува на аеродроми или при влез во определени посебни згради) или преку сопирање и претресување на строго нумеричка основа, на пример на секое десетто лице. Само на еден од овие начини, аргументот на жалителите ги принудува да тврдат, би можело такво овластување да е применливо со согласност со принципот на правна сигурност: поинаку не може да постојат потребните заштитни мерки за да го исполнат условот од Конвенцијата во однос на ‘квалитетот на законот ‘ ...
77. Јас би го отфрлил овој аргумент. Најпрво, би ми се чинело невозможно ефикасно да се користи овластувањето од членот 44 на било кој од сугерираните начини. Замислете дека после експлозиите на бомби од јули минатата година во Лондонската подземна железница полицијата да се обидела да ги сопре и претресе сите кое влегуваат во подземната станица или пак секое десетто (или стотто) такво лице. Не само што таквата задача би била речиси невозможна туку и според мене би ја попречило вистинската намена и вредност на тие овластувања. Тоа, како што Лордот Bingham се изразува во параграфот 35 од неговото мислење, не е ‘да се сопрат и претресуваат луѓе кои очигледно не се осомничени терористи, што би било бесполезно и би значело трошење на време [туку повеќе] да се осигура дека полицискиот службеник не е обесхрабрен да сопре и претресе лице за кое се сомнева дека е потенцијален терорист од страв дека не би можел да покаже разумни основи за неговото сомнение.’ Тоа е да се надеваме прво, дека потенцијалните терористи ќе бидат обесхрабрени (од носење на алатите на нивната активност) преку знаење за ризикот на кој се изложени да бидат претресени по случаен избор, и, второ, дека преку користењето на тоа овластување полициските службеници може понекогаш (иако и многу ретко) да најдат такви предмети и на тој начин да спречат или одвратат планиран терористички напад. Ниту една од овие цели нема да биде исполнета од полициските службеници кои ги претресуваат оние кои ним им изгледаат дека има најмалку изгледи да претставуваат ризик наместо тие за кои тие имаат претчувство дека имаат за цел терористички акт.
78. Во неговата анализа од 2001 за спроведувањето на Законот од 1989 за спречување на тероризам (привремени одредби) (изменет како што е објаснето од страна на Лорд Bingham во параграф 9 од неговото мислење) и Законот за Северна Ирска (одредби за вонредна состојба) од 1996, г-н John Rowe QC го рекол следното за овластувањето за сопирање и претрес на тие кои влегуваат или го напуштаат Обединетото Кралство со цел да се открие дали биле вклучени во терористички активности:
‘„Интуитивно сопирање“
37. Невозможно е да се пренагласи важноста на ова сопирање...
38. Би требало да објаснам што подразбирам под „интуитивно сопирање“. Тоа е сопирање кое се врши „непланирано“ или „случајно“ – но ги преферирам зборовите „по интуиција“ – без претходни информации за лицето или возилото кое се сопира.
39. Не мислам дека такво сопирање од страна на обучен полициски службеник од специјална единица е “непланирано” или „случајно“. Тој полицаец има искуство и обука за карактеристиките и околностите поврзани со тероризам и терористички групи, и тој или таа можат затоа да забележат нешта кои лаик не би ги забележал, или тој или таа може едноставно да имаат интуиција на полициски службеник. Често причината за такво сопирање не може да му се објасни на лаик.’
79. Подолу во својата анализа г-н Rowe забележал за поопштите овластувања за сопирање и претрес изворно содржани во членовите 13А и 13Б од Законот од 1989 дека ‘овие овластувања се користеле ретко, и со добра причина’. Со почит се согласувам дека овластувањето од членот 44 (како што е во сила сега) би требало да се користи со задршка, препорака која се повторува во низа годишни извештаи за Законот од 2000 на Лордот Carlile од Berriew QC, Независниот аналитичар на законите за тероризам именуван после г-н Rowe —види најнеодамна параграф 106 во неговиот извештај од 2005, каде сугерира дека употребата на овластувањето ‘би можела да се намали за најмалку 50 проценти без значителен ризик за јавноста или на штета на вршењето на полициски работи..’ Според мене, сепак, тоа го прави уште поважно дека повеќе е насочено како што интуицијата на полицаецот одредува отколку што е користено случајно во вистинска смисла за сите луѓе, како да има некаква вредност во сопирањето и вршењето претрес на луѓе за кои полицајците сметаат дека не претставуваат било каква закана. Накусо, значењето на овие закони, не е само во тоа што дозволуваат луѓето да бидат сопрени и претресени на аеродроми, туку и во тоа што им овозоможува на полициските службеници да го вршат она што г-н Rowe го окарактеризира како интуитивно сопирање.
80. Се разбира, како што Комитетот за известување на тајниот совет со кој претседавал Лордот Newton од Braintree воочил во својот извештај од декември 2003 за Законот за анти-тероризам, криминал и безбедност од 2001:
‘Софистицираните терористи ги менуваат нивниот профил и методи за да избегнат да бидат статичка мета. На пример, се известува дека Ал-каеда придава особена важност на регрутирањето на лица кое се преобратиле во муслимани затоа што смета дека е помалку веројатно дека ќе бидат проверени од страна на властите.’
Мене ми изгледа неизбежно, сепак, сѐ додека главниот ризик од тероризам против кој употребата на овластување од членот 44 е дозволена, е тој од Ал-каеда, диспропорционален број од лицата кои се сопираат и претресуваат ќе бидат со азиски изглед (посебно ако тие носат ранци или ако носат очигледно широка облека во која може да се содржат предмети поврзани со тероризам).
81. Дали таквиот заклучок е спротивен со јуриспруденцијата од Конвенцијата, или, навистина, неконзистентен со домашните закони за дискриминација? Според мојата оцена тој не е [спротивен], под услов полициските службеници кои ги користат тие овластувања на теренот да обрнат правилно внимание на параграф 2.25 од Кодексот A:
‘Селекцијата на лица кои се сопираат по член 44 од Законот за тероризам од 2000 би требало да биде одраз на објективна оценка на заканата која ја претставуваат различните терористички групи кои се активни во Велика Британија. Овластувањата не смеат да се користат за сопирање и претрес поради причини кои не се поврзани со тероризам. Полицајците мора да водат посебно сметка да не дискриминираат припадници на малцински етнички групи при употребата на тие овластувања. Може да има околности, сепак, кога е соодветно полициските службеници да го земат во предвид етничкото потекло на лицето при селекцијата на лица кои треба да се сопрат во одговор на конкретна терористичка закана (на пример, некои меѓународни терористички групи се поврзуваат со определни етнички идентитети).’
Етничкото потекло може и правилно треба да биде земено во предвид при одлучувањето дали и кого да се сопре и претресе под услов овластувањето да се користи внимателно и селекцијата да се врши врз основа на причини поврзани со воочена терористичка закана а не врз основа на расна дискриминација.“
В.Постапка пред Окружниот суд
24. Жалителите исто така поднеле тужба пред Окружниот суд на 8 септември 2004, за помеѓу останатото, штета според Законот за човекови права од 1998 на основа на тоа што полицијата ги користела овластувањата за сопирање и претрес незаконски против секој од жалителите и спротивно на членовите 8, 10 и 11 од Конвенцијата, повеќе за да го контролираат или обесхрабрат нивното присуство на протестот отколку за да бараат предмети поврзани со тероризам. Постапките биле прекинати сѐ додека не било одлучено по нивната жалба во Домот на Лордовите и конечно имало расправа во февруари 2007. Окружниот суд ги отфрлил тужбите на жалителите и утврдил дека овластувањето било, во однос на секој од нив, употребено правилно и законски. Жалителите не се жалеле против оваа пресуда.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
...
В.Законот за тероризам од 2000
28. Законот од 2000 требало да го реструктуира, модернизира и зајакне законодавството поврзано со тероризам во светло на, помеѓу останатото, истрагата на Лордот Lloyd.
„Тероризмот“ е дефиниран, во член 1, како што следува:
„(1) Во овој закон ‘тероризам’ значи употребата или заканата за дејствија кога -
(a) дејствието потпаѓа под подпараграф (2),
(б) употребата или заканата се предвидени за да влијаат врз Владата или да ја заплашат јавноста или дел до јавноста, и
(в) употребата или заканата е направена со намера да се постигне политичка, религиозна или идеолошка кауза.
(2) Дејствието потпаѓа во подпараграфот ако тоа -
(a) вклучува сериозно насилство против лице,
(б) вклучува сериозна штета на имот,
(в) загрозува друг човечки живот, покрај оној на лицето кое го врши дејствието,
(г) создава сериозен ризик за здравјето или сигурноста на јавноста или дел од јавноста, или
(д) е направено за да сериозно попречи или сериозно наруши електронски систем.
(3) Употребата или заканата за дејствие кое потпаѓа под подпараграф (2) која вклучува употреба на огнено оружје или експлозив е тероризам без разлика дали подпараграф (1)(б) е исполнет или не.
(4) Во овој член -
(a) ‘дејствие’ вклучува и дејствија вон Велика Британија,
(б) кога се зборува за било кое лице или имот, се мисли на било кое лице, или имот, без разлика каде се наоѓаат,
(в) споменувањето на јавноста ја вклучува и јавноста на друга земја покрај Обединетото Кралство, и
(г) ‘Владата’ значи Владата на Обединетото Кралство, или на дел од Обединетото Кралство, или на друга земја покрај Обединетото Кралство.
(5) Во овој закон зборот дејствие преземено за терористички намени вклучува и дејствие преземено во полза на забранета организација.“
29. Членовите 41-43 од Законот од 2000, во поднасловот „Осомничени терористи“ предвидува апсење без налог, за претрес на простории или претрес на лица од страна на полициски службеник. Во секој случај мора да постои основано сомнение дека лицето кое се апси или претресува е терорист.
30. Члнеовите 44-47, во поднасловот „Овластувања за сопирање и претрес“, не подложат на обврската за основано сомнение. Овие членови предвидуваат процедура од три фази.
Првата фаза, според членот 44, е одобрение:
„44(1) Одобрение според овој подпараграф овластува било кој полициски службеник во униформа да сопре возило во подрачје или на место посочено во одобрението и да го претресе -
(a) возилото;
(б) возачот на возилото;
(в) патник во возилото;
(г) било кое нешто кое се наоѓа во или на возилото или кое го носи возачот или патникот.
(2) Одобрение според овој подпараграф овластува било кој полициски службеник во униформа да сопре пешак во подрачје или на место посочено во одобрението и да го претресе -
(a) пешакот;
(б) сѐ што тој носи.
(3) Одобрение од подпараграф (1) или (2) може да биде дадено само ако лицето кое го дава смета дека е соодветно за спречување на терористички акти.
(4) Одобрение може да биде дадено -
(a) кога подрачјето или местото [определено со одобрението] е цело подрачје или дел од полициско подрачје вон Северна Ирска освен тоа кое е споменато во параграф (б) или (в), од страна на полициски службеник кој е најмалу од ранг на заменик началник на полициското подрачје;
(б) кога подрачјето или местото [определено со одобрението] е целиот или дел од полицискиот метрополитенски сектор [на поширокото градско подрачје на Лондон], од страна на полициски службеник кој е барем од ранг на командир на метрополитанската полиција;
(в) кога подрачјето или местото [определено со одобрението] е целиот или дел од градот Лондон, од страна на полициски службеник од градот кој е најмалку од ранг на командир на полицијата на градот Лондон;
(г) кога подрачјето или местото [определено со одобрението] е целата или дел од Северна Ирска, од страна на [припадник на Полициската служба на Северна Ирска] кој е најмалу од ранг на заменик началник.
(5) Ако одобрението е дадено усно, лицето кое го дава ќе го потврди во писмена форма веднаш штом тоа биде разумно остварливо.“
Според член 46(1)-(2), одобрението стапува во сила кога е дадено и истекува кога е наведено дека истекува, но не може да трае подолго од 28 дена. Постоењето и содржината на одобренијата од членот 44 не се во доменот на јавноста.
31. Втората фаза е потврдувањето, регулирано со член 46(3)-(7). Лицето кое го дава одобрението мора да го информира Министерот за внатрешни работи веднаш штом биде разумно остварливо. Ако Министерот за внатрешни работи не го потврди одобрението во рок од 48 часа од моментот кога е дадено, тоа престанува да има дејство (без да инвалидира ништо што било преземено во текот на периодот од 48 часа). Министерот за внатрешни работи кога потврдува одобрение може да го промени рокот на истекување да биде порано, но не може да го промени тој да биде покасно. Тој може да отповика одобрение со дејство од определен момент. Кога одобрението е соодветно продолжено, се применува истата процедура на потврдување. Министерот за внатрешни работи не може да го измени географскиот опсег на одобрението но може да не даде потврдување ако смета дека подрачјето е прешироко.
32. Третата фаза, според член 45, ја вклучува употребата на овластувањето за сопирање и претрес од страна на полициски службеник:
„(1) Овластувањето доверено преку одобрение врз основа на член 44(1) или (2) -
(a) може да се користи само со цел за претрес на предмети од таков вид кои можат да се користат во врска со тероризам, и
(б) може да се користи без разлика дали полицискиот службеник има или нема основи за сомневање во присуство на предмети од таков вид.
(2) Полицискиот службеник може да одземе или задржи предмет кој тој ќе го открие во текот на претрес врз основа на член 44(1) или (2) и за кој основано се сомнева дека е планирано да се користи во врска со теорирзам.
(3) Полицискиот службеник кој користи овластување доверено со одобрение не може да нареди на лицето да соблече друг дел од облеката освен делот кој го носи на глава, обувки, капут, јакна или ракавици.
(4) Кога полицискиот службеник претресува лице или возило врз основа на член 44(1) или (2) тој може да го задржи лицето или возилото за толку време колку што е разумно потребно за претресот да биде спроведен надвор или во близина на местото каде лицето или возилото е сопрено.
(5) Кога -
(a) возило или пешак е сопрен врз основа на член 44(1) и (2), и
(б) возачот на возилото или пешакот побара писмена изјава дека возилото е сопрено, или дека тој бил сопрен, врз основа на член 44(1) и (2),
писмената изјава ќе му биде дадена.
(6) Барањето од подпараграф (5) мора да биде доставено во рок од 12 месеци почнувајќи од датата на која возилото или пешакот биле сопрени.“
33. Овие овластувања се дополнување на овластувањата доверени на полициски службеник врз основа на закон (Законот од 2000, член 114). Според член 47 кривично дело е казниво со затвор или парична казна или со двете казни незастанувањето кога тоа е наредено од страна на полициски службеник, или намерно попречување на полициски службеник при употреба на овластувањето дадено врз основа на одобрение според член 44(1) и (2).
34. Членовите 44-47 од Законот од 2000 влегоа во сила на 19 февруари 2001. Беше обелоденето во текот на домашната постапка за конкретниот случај дека оттогаш последователна низа на одобренија од член 44 биле издадени и потврдени, секое покривајќи го целиот сектор на метрополитенската полиција и секое за максимално дозволеното времетраење (28 дена).
Г.Кодекс на полициска етика
35. Кодекс А на полициска етика била објавен од страна на Министерот за внтрешни работи на 1 април 2003 за да ги води полициските службеници при користењето на сите законски овластувања на сопирање и вршење претрес. Било наложено да биде соодветно достапен во сите полициски станици за да го консултираат полициските службеници и бил јавен документ.
36. Кодексот налагал, помеѓу останатото, таквите овластувања да „се користат правично, одговорно, со почит кон лицата кои се претресуваат“. Наложувал дека овластувањето од член 44 од Законот од 2000 “не смее да биде користено за сопирање и претрес поради причини кои не се поврзани со тероризам“ и дека овластувањето треба да биде користено „само за барање на предмети кои би можеле да се употребат за теориристички цели“. Во параграфите 1.2 и 1.3, Кодексот предвидувал:
„1.2 Мешањето со слободата на лицето кое е сопрено и над кое се врши претрес мора да биде краткотрајно и задржувањето заради претрес мора да се спроведе на самото место или во близина на местото на сопирање.
1.3 Ако овие основни принципи не се почитувани користењето на овластувањата на сопирање и претрес може да биде доведено во прашање. Пропуштање да се користат овие овластувања на правилен начин ја намалува нивната ефикасност. Сопирањето и вршењето претрес може да играат важна улога во откривањето и спречувањето на кривични дела, и правичното користење на овластувањата ги прави поефикасни.“
Параграфот 3.5 од Кодексот предвидувал:
„Не постои овластување да се наложи едно лице да соблече друга облека во јавност освен надворешен капут, јакна или ракавици освен врз основа на член 45(3) од Законот за тероризам од 2000 (кој овластува полициски службеник кој врши претрес според член 44(1) или 44(2) од Законот да наложи на лицето да отстрани облека која ја носи на главата и обувки во јавност) ... Претрес во јавноста на облека на лицето која не е соблечена мора да биде ограничен на површно прегледување на надворешни делови од облеката. Ова, сепак, не го спречува полицискиот службеник да ги стави своите раце во внатрешноста на џебовите на надворешната облека, или да ја испитува внатрешноста на јаки, чорапи или чевли ако тоа е разумно потребно во околностите на случајот за да се бара предметот на претресот. Од истите причини, под услов да се почитуваат ограничувањата за отстранување на деловите на облека за глава, косата на лицето може исто така да биде претресена во јавност ...“
Одредени мерки требало да бидат преземени пред претресот врз основа на параграфот 3.8:
„3.8 Пред секој претрес на задржано лице или сопрено возило да биде спроведен, полицискиот службеник мора да ги преземе сите разумни чекори за да му ги даде на лицето кое се претресува или кое е одговорно за возилото следните информации:
(а) дека се задржани заради претрес;
(б) името на полицискиот службеник (освен во случај на испитувања поврзани со истрага за тероризам или кога полицискиот службеник основано верува дека ако му го каже неговото или нејзиното име може да го или да се изложи на опасност, во кој случај налог или друг број на идентификација ќе биде даден) и името на полициската станица каде полицискиот службеник работи;
(в) законското овластување за претрес кое се користи, и
(г) јасно објаснување на;
(i) целта на претресот во смисла на предметот или предметите за кои има овластување за претрес; ...
(iii) во случај на овластувања кои не наложуваат основано сомнение ..., видот на овластувањето и на секое потребно одобрение како и фактот дека тоа [одобрение] било дадено“
Полициските службеници кои вршат претрес било наложено да бидат во униформа со парагараф 3.9. Кодексот продолжува, во параграфите 3.10-3.11:
„3.10 Пред да се спроведе претрес полицискиот службеник мора да го информира лицето (или сопственикот или лицето одговорно за возилото кое ќе се претресе) за неговото ило нејзиното право на копија од записникот за претресот, вклучително и на неговото право на записник од претресот ако барање е поднесено во рок 12 месеци, кога е потполно неизводливо да се направи записник во тој момент. Ако записник не се прави во тој момент лицето исто така треба да биде информирано како може да се добие копија.... На лицето исто така треба му се дадат информации за полициските овластувања за сопирање и претрес и за правата на поединецот во тие околности.
3.11 Ако лицето кое треба да се претресе, или кое е одговорно за возилото кое треба да се претресе, се чини дека не го разбира кажаното, или постои било какво сомневање за способноста на лицето да разбере англиски, полицискиот службеник мора да преземе разумни мерки да му ги или да и ги стави до знаење информациите во однос на нивните права и сите други релевантни одредби од овој Кодекс. Ако лицето е глуво или не разбира англиски и е придружено од некого, тогаш полицискиот службеник мора да утврди дали тоа лице може да врши превод или на друг начин да му помогне на полицискиот службеник да ги даде потребните информации.“
Задолжително било да се изработи записник во моментот на претрес или штом биде изводливо (парагарф 4.1):
„4.1 Полициски службеник кој извршил претрес користејќи било кое овластување за кое се применува овој Кодекс, мора да на направи записник за претресот во моментот на претрес, освен ако постојат исклучителни околности кои го прават тоа потполно неизводливо (на пр. во ситуации кои вклучуваат јавен неред или кога присуството на полицискиот службеник е итно потребно на друго место). Ако записник не е подготвен во моментот на претресот полицискиот службеник мора тоа да го стори веднаш штом биде изводливо после тоа. Може да има ситуации кога е неизводливо да се добијат сите информации за записникот, но полицискот службеник мора да направи разумни напори да го стори тоа..“
Д.Извештаи на Лордот Carlile од Berriew QC за спроведувањето на овластувањата за сопирање и претрес од член 44
37. Член 126 од Законот од 2000 му наложува на Министерот за внатрешни работи да достави извештај за спроведувањето на Законот пред Парламентот најмалку секои 12 месеци а Лордот Carlile од Berriew QC и именуван како Независен аналитичар да го подготви помеѓу останатото, годишниот извештај.
...
43. На крај, во неговиот извештај за спроведувањето на Законот од 2000 во 2008 (јуни 2009), Лордот Carlile коментираше:
„140. Има изобилство на примери на неправилно или непотребно користење на член 44. Имам докази за случаи каде лицето кое е сопрено е толку очигледно далеку од било кој познат профил на тероризам што, реално, нема ни најмала можност тој/таа да биде терорист и ниту една друга карактеристика за да го оправда сопирањето. Во една ситуација причината за сопирањата кои се вршеле била само нумеричка, што е речиси сигурно незаконски и во никој случај не е интелигентна употреба на процедурата. Раководните службеници мора да имаат во предвид дека сопирање според член 44, без сомневање, е мешање со слободата на движење на лицето кое е сопрено. Јас верувам дека е потполно погрешно да се сопре било кое лице со цел да се постигне рамномерна распределеност по раса во статистичките податоци за член 44. Има бројни анегдотски докази дека тоа се случува. Можам добро да ја разберам грижата на полицијата дека треба да бидат ослободени од наводи за предрасуди, но не е добра употреба на скапоцените ресурси ако тие се трошат напразно на очигледно непотребни претреси. Тоа е исто така мешање и со граѓанските слободи на лицето кое е сопрено, само за да се ‘балансираат’ статистичките податоци. Критериумите за сопирање по член 44 треба да се објективно засновани, независно од расни размислувања. Ако објективна причина се случи да доведува до етничка нерамнотежа, тоа може да се смета за пропорционална последица на оперативно вршење на полициски работи.
141. Корисни практични насоки за сопирање и претрес во врска со тероризам беа подготвени во текот на 2008 од страна на Агенцијата за подобрување на националното полициско работење во име на Здружението на раководни полициски службеници [ACPO]. Насоките ги нагласуваат клучните услови, кои вклучуваат дека –
● Овие овластувања се исклучителни
● Географскиот опсег на одобренијата од член 44 мора јасно да биде дефиниран
● Законскиот стандард е соодветност [на овластувањата] за целите на спречување на терористички акти
● Оценки за влијанието врз заедници се суштински дел од процесот на одобрување
● На Министерот за внатрешни работи мора да му биде доставено детално оправдување за одобрение по член 44
● Раководните полициски службеници мора да очекуваат Хоум Офисот да примени детална и строга оцена при разгледувањето дали да потврди одобренија
● Брошури мора да бидат достапни за јавноста во подрачје каде овластувањето се спроведува
● Полициските службеници мора да водат уредни записници
...
146. Мојот став останува каков што бепе во последните четири години, но поцврст: дека тешко ми е да сфатам зошто се гледа на одобренијата од член 44 како да се потребни во определени подрачја, и во однос на кекои локации, но не за други со очигледно сличен профил. Кога други овластувања за сопирање и претрес се адекватни за целта, нема потреба да се побара или да се одобри користење на овој член. Неговата примарна цел е да регулира оперативно тешки места во моменти на стрес, кога има поголема веројатност терористи да стекнат пристап до некоја важна локација. На пример, немам никаква критика за неговата внимателната употреба во моментот на големи демонстрации на Лондонскиот аеродром Heathrow: терористите можеа да ја искористат приликата да учествуваат на такви демонстрации за да влезат, фотографираат или на друг начин набљудуваат, и поинаку да го зголемат своето знаење за потенцијална мета како што е Heathrow. Ниту ја критикувам неговата употреба на или блиску до важни инфраструктурни објекти или места од посебна национална важност.
147. Јас сега чувствувам фрустрација дека метрополитенската полиција сѐуште не ги ограничува своите одобренија по член 44 на само некои општини или делови од општини, наместо да се однесуваат на целото полициско подрачје. Не можам да видам оправдување целото пошироко градско подрачје на Лондон да биде покриено постојано, а намерата на членот не бепе да се стави Лондон под постојано специјално овластување за претрес. Сепак, пилот проект треба наскоро да започне во кој членот се користи на поинаков начин. Ќе го проучам тој проект внимателно. Алармантниот број на употребени овластувања (помеѓу 8,000 и 10,000 сопирања месечно на почетокот на 2009) претставува лоша вест и се надевам на подобро за една година. Бројките, и нивна мала анализа, покажуваат дека членот 44 се користи како инструмент за помош при полициско работење кое не е поврзано со тероризам, и тоа е неприфатливо.
148. Убеден сум дека може безбедно да се користи далеку помалку. Има малку или нема воопшто докази дека користењеето на член 44 има потенцијал да спречи терористички акт во споредба со други законски овластувања за сопирање и претрес. Додека апсења за друг тип на криминал следеа после претреси по овој член, ниту еден од повеќето илјади претреси било кога резултирал со осуда за кривично дело поврзано со тероризам. Неговата полезност е доведена во прашање јавно и приватно од страна на раководни лица од метрополитенската полиција со големо искуство во полициско работење со тероризам.
149. Не треба да се сфати дека намалената употреба на член 44 во други места освен Лондон значи дека таквите места се помалку безбедни, или повеќе подложни на тероризам. Постојат различни начини за остварување на истата цел. Ефектот од прекумерна употреба на членот врз односите во заедниците е несомнено негативен. Претрес врз основа на основано и изречено сомнение, иако сам по себе не е висок стандард, наоѓа поголемо рабирање во јавноста и ја смирува јавноста.
150. Јас нагласувам дека не сум за укинување на член 44. Подложно на ставовите кои се изнесени погоре, според мене членот 44 и членот 45 остануваат неопходни и пропорционални на континуираниот и сериозен ризик од тероризам.“
Ѓ.Статистички податоци по раса во однос на користењето на овластувањето за сопирање и претрес по член 44
44. Според член 95 од Законот за кривична правда од 1991, Министерот за внатрешни работи има обврска да објавува информации кои се однесуваат на системот на кривична правда во однос на избегнување на дискриминација на теренот по основ на раса. Во извештај објавен во согласност со таа обврска во октомври 2007, „Статистички податоци за расната припадност и кривично-правниот систем – 2006“, Министерството за правда забележало дека:
„Вкупно 44,543 претреси биле спроведени според член 44(1) и 44(2) од Законот за тероризам од 2000 во 2005/6 во споредба со 33,177 во 2004/5, вкупен пораст од 34% (Табела 4.6). Претреси на луѓе од азиско потекло се зголемиле од 3,697 на 6,805 (пораст од 84%), [бројот на] претресите на црнци се зголемил од 2,744 од 4,155 (пораст од 51%). Претресите на луѓе од други етнички групи исто така биле во пораст, од 1,428 во 2004/5 на 1,937 во 2005/6 (пораст од 36%), како и претресите на белци, со пораст од 24,782 во 2004/5 на 30,837 во 2005/6 (пораст од 24%). Повеќе од половина од претресите биле спроведени на подрачјето на метрополитенската полиција и 15% во градот Лондон, во споредба со 40% и 20% соодветно во 2004/5. Големиот пораст во споредба со бројките од 2004/5 може да се објасни, делумно, со бомбашките напади во Лондон од 7 јули 2005. Како и со сопирањето и претресите според ч. 1 PACE, полициските улични активности кои од нив произлегле, довеле до пораст во употребата на овластувања за сопирање и претрес според член 44 од Законот за тероризам од 2000.
Во 2005/6, 25,479 претреси на лица во возила била спроведени според член 44 (1) (Tабела 4.7). Седумдесет и пет проценти од тие кои биле претресени во 2005/06 биле белци, 11% азијати и 8% црнци. Имало мал пораст во пропорцијата на белци кои биле претресени и мало намалување на пропорцијата на црнци кои биле претресени според овој член во споредба со 2004/05. Четириесет и шест апсења на лица кои се наоѓале во возило резултирале од претреси врз основа на член 44 (1), во споредба со 38 претходната година. Апсењата според закони кои не се поврзани со тероризам после употребата на оваа одредба останале константни помеѓу 2004/5 и 2005/6 на 246. Најголемиот дел апсења после претрес по член 44 (1) биле во Лондон. Ова најверојатно ја одразува зачестената употреба на овластувањата во Лондон.
Бројот на сопирања и претреси на пешаци според член 44(2) речиси двојно се зголемил помеѓу 2004/5 и 2005/6 со 19,064 сопирања и претреси регистрирани во 2005/6. Овој пораст резултирал од зачестената употреба на овластувањето во Лондон. Употребата на овластувањето во подрачја надвор од Лондон се намалила за 19% помеѓу 2004/5 и 2005/6. Во 2005/6, 61% oд луѓето сопрени според член 44(2) биле белци споредено со 74% во 2004/5 и 72% во 2003/4. Пропорцијата на црнци и азијати се намалила на 11% и 21% соодветно во 2005/6. Во 2005/6, 59 апсења во врска со тероризам резултирале од претреси според член 44 (2) во споредба со 24 претходната година и пет во 2003/04. Апсењата според закони кои не се поврзани со тероризам се зголемиле од 153 во 2004/5 на 212 во 2005/6.”
...
46. Најновиот извештај „Статистички податоци за расна припадност и кривично-правниот систем – 2007/8“, објавен во април 2009, регистрирал значителен пораст во употребата на овластувања од член 44:
„Вкупно 117,278 претреси на лица биле извршени според член 44 (1) и 44 (2) од Законот за тероризам од 2000 во 2007/08 во споредба со 37,197 во 2006/07 и претставува пораст од 215% (Табела 4.6). Само малку под една петтина (19%) од полициските сектори не регистрирале било каква употреба на ова овластување во 2007/08. Претресите се зачестиле за сите етнички групи но најголемиот пораст бил за црнци (322%), следен од лица од азијатско потекло (277%), тие од категоријата од останато потекло (262%), и на крај лица од бела раса (185%).
Големиот пораст на бројот на сопирање и претреси извршени според Законот за тероризам во голем дел е одраз на зголемувањето на употребата на ова овластување од страна на метрополитенската полиција. Во 2007/08 метрополитенската полиција била одговорна за 87% од претресите спроведени според член 44 (1) и 44 (2) од Законот за тероризам од 2000, во споредба со 68% од тие кои биле извршени во 2006/07. Метрополитенската полиција го употребила ова овластување во 76,496 повеќе прилики отколку во претходната година, што претставува пораст од 303%. Овој пораст може директно да се припише на енергичниот одговор на метрополитенската полиција на заканата од мрежи поврзани со тероризам во Лондон после Haymarket бомбашкиот напад во 2007.
Табелите 4.7 и 4.8 покажуваат одбрани полициски сектори, каде вкупниот број на сопрени и претресени лица според ч. 44 (1) и (2) од Законот за тероризам надминал 1,000 лица во 2007/08.
Во 2007/08, 65,217 претреси на лица кои се наоѓале во возило биле извршени според член 44 (1) (Табела 4.7). Шеесет и четири проценти од тие кои биле претресени во тој период биле белци, намалување од осум процентни поени од претходната година, 13% биле црнци (пораст од 3 процентни поени), а 16% биле азијати (пораст од 4 процентни поени). Триесет и четири апсења, во врска со тероризам, на лица кои се наоѓале во возило резултирале од претрес според член 44 (1), во споредба со 14 претходната година. Девет од нив биле црнци а 10 азијати. Апсењата според закони кои не се поврзани со тероризам со употреба на сопирање и претрес од член 44 (1) се зголемиле од 665 на 246 во 2006/07.
Бројот на сопирање и претреси на пешаци според член 44 (2) се зголемил за 280% помеѓу 2006/07 и 2007/08 од 13,712 на 52,061 (Табела 4.8). Како што беше претходно споменато, овој голем пораст може да се припише на силниот одговор на метрополитенската полиција на Haymarket бомбашкиот напад. Пропорцијата на пешаци од бела раса претресени според 44 (2) се намалила од претходната година од 66% од вкупниот број. Лицата со азиско потекло остануваат со највисок број помеѓу групите од малцинско потекло и по број на претреси (19%) и по последователни апсења во врска со тероризам (29%).“
...
ПРАВО
49. Жалителите се жалеа дека тоа што биле сопрени и претресени од страна на полицијата според членовите 44-47 од Законот од 2000 довело до повреда на нивните права од членовите 5, 8, 10 и 11 од Конвенцијата.
Членот 5 предвидува:
„ 1. Секој има право на слобода и на безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на закон во долунаведените случаи:
а. ако издржува казна затвор по пресуда на надлежниот суд;
б. ако бил уапсен или притворен поради противење на законскиот налог на судот или со цел да се обезбеди извршување на со закон пропишана обврска;
в. ако е уапсен или притворен поради приведување пред надлежна судска власт, кога постои оправдано сомнение дека тоа лице извршило кривично дело, или кога постојат оправдани причини тоа лице да се спречи да изврши кривично дело, или по извршувањето на кривичното дело да побегне;
г. ако се работи за притвор на малолетник врз основа на законска процедура, заради воспитување под надзор или заради приведување пред надлежна судска власт;
д. ако се работи за притвор на лице за да се спречи ширење на некоја заразна болест, на ментално оболени лица, алкохоличари, наркомани и скитници;
ѓ. ако се апси или притвора лице врз основа на закон, со цел да се спречи илегално да влезе во земјата или лице против кое е во тек постапка за протерување или израчување.
2. Секое уапсено лице веднаш се известува на јазикот што го разбира за причините за апсењето и за обвиненијата против него.
3. Секое лице уапсено или притворено според одредбите на став 1в од овој член мора веднаш да биде изведено пред судија или друго судско лице, со закон овластено да врши судска власт, и да има право на судење во разумен рок или на пуштање на слобода во текот на судската постапка. Пуштањето може да се услови со давање гаранција дека тоа лице ќе се појави на судењето.
4. Секое лице лишено од слобода со апсење или притворање има право да вложи жалба до судот, и тој во кус рок да ја разгледа законитоста на тоа лишување од слобода и ако тоа не било законско, да нареди негово ослободување.
5. Секое лице кое било жртва на апсење или притворање спротивно на одредбите на овој член, има право на обештетување.“
Член 8 предвидува:
„1. Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.“
Членот 10 предвидува:
„ 1. Секој има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.
2. Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.“
Член 11 предвидува:
„ 1. Секој има право на слобода на мирно собирање и здружување со други, вклучувајќи го и правото да основа синдикати и да им се придружува на синдикатите за заштита на своите интереси.
2. Остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите на други. Со овој член не се забранува наметнување законски ограничувања за припадниците на оружените сили, полицијата или државната администрација.“
I.ДОПУШТЕНОСТ
50. Владата тврдеше дека жалителите не ги искористиле потполно домашните правни лекови. Прво, не ја прифатиле понудата од страна на Високиот суд за расправа затворена за јавност со специјален адвокат кој би асистирал во утврдувањето дали, во светло на сите докази поврзани со ризик од терористички напад, полицијата и Министерот за внатрешни работи оправдано издале и потврдиле одобрение според член 44 од Законот од 2000 (види параграф 10 погоре). Второ, жалителите не поднеле жалба против шресудата на Окружниот суд со која биле одбиени нивните тужби дека, врз основа на фактите, овластувањата за сопирање и претрес биле употребени против нив во околината на саемот за оружје незаконски и за неправилна цел (види параграф 24 погоре). Затоа, следувало, дека во делот во кој жалителите тврделе пред Судот дека или одобрението кое било во прашање или мерките на сопирање и претрес употребени против нив од страна на полицијата не биле оправдани со фактите, тие не ги искористиле домашните правни лекови.
51. Жалителите тврдеа дека нивната жалба во постапката пред Судот се однесувала на компатибилноста на условите на законската рамка со Конвенцијата; нивен став беше дека, дури и ако овластувањето било употребено во согласност со домашното право, тоа било спротивно со права од Конвенцијата. Тие го поднеле ова барање во домашната постапка сѐ до и вклучително и до Домот на Лордовите. Иако било точно дека тие не ги оспориле разузнавачките информации кое довеле до издавање на одобрението според член 44, ова не било ни дел од нивните наводи според конкретната жалба [пред Судот]. Постапките пред Окружниот суд биле прекинати сѐ до донесувањето на пресуда од страна на Домот на Лордовите. Штом таа пресуда била донесена, постапките кои продолжиле пред Окружниот суд бил лимитирани само на утврдување дали овластувањата по член 44 биле употребени во согласност со домашното право. Жалба против пресудата на Окружниот суд не би била, затоа, ефикасен правен лек во однос на жалбените наводи на жалителите според Конвенцијата.
52. Судот воочува дека жалбените наводи на жалителите во сегашниот случај се фокусирани на општата компатибилност на овластувањата за сопирање и претрес со горенаведените одредби на Конвенцијата. Тие не спорат дали одобрението од член 44 кое било применето врз нив било оправдано со оглед на разузнавачките информации кои им биле достапни на Началникот на метрополитенската полиција и Министерот за внатрешни работи, ниту дали полициските службеници ги сопреле „со цел да бараат предмети кои се од таков вид да можат да бидат употребени во врска со тероризам.“ Со оглед на тоа дека жалителите, затоа, не оспоруваат дека мерките на сопирање и претрес употребени против нив биле во согласност со условите на Законот од 2000, правните лекови идентификувани од страна на Владата не би биле ниту релевантни ниту ефикасни во однос на нивните жалбени наводи пред Судот. Затоа тој го отфрла претходниот приговор на Владата.
53. Судот воочува, понатаму, дека жалбата не е очигледно неоснована во смисла на член 35 § 3 од Конвенцијата. Понатаму воочува дека не е недопуштена по било кој друг основ. Затоа мора да биде прогласена за допуштена.
II. ОСНОВАНОСТ
A. Наводна повреда на член 5 од Конвенцијата
1.Аргументи на странките
54. Жалителите тврдеа дека кога полициските службеници ги сопреле и извршиле претрес тие биле подложени на лишување од слобода во смисла на член 5 § 1. Релевантно било дека полицискиот службеник имал овластување да наложи спроведување на процедура според член 44 и имал изречни овластувања да употреби разумна сила и/или да задржи лице кое ќе одбие да постапи според тоа овластување. Жалителите немале избор дали да ја почитуваат или не наредбата на полицискиот службеник и би биле подложни на кривично гонење ако одбиеле да ја почитуваат. Имало целосно ограничување на нивната слобода: тие не можеле да одлучат да се свртат и да си заминат. Дотолку повеќе, ова овластување апсолутно да се ограничи движењето на едно лице било предвидено со цел да се обезбеди почитување на овластувањето за претрес, и не било од спореден карактер. Додека процедурата може да биде понекогаш кратоктрајна, тоа не било нужно секогаш така, особено со оглед на големиот опсег на овластувањето за претрес и фактот што можело да му се наложи на лицето да остане со полицискиот службеник толку колку што е разумно потребно за да може претресот да биде извршен.
Жалителите тврдат дека, ако членот 5 бил применлив, мерките за кои станува збор не биле „законски“ и „во согласност со постапка пропишана со закон“ со оглед на обемот на дискреција оставен на извршната власт.
55. Владата тврдеше дека Судот никогаш немал најдено дека употребата на овластувањето за сопирање и претрес претставува лишување од слобода по член 5 од Конвенцијата. Понатаму, во повеќе случаи органите на Конвенцијата одбиле да утврдат дека, ограничувања на слобода далеку посериозни од тие за кои сега станува збор, спаѓаат во досегот на член 5 (Владата се повика на, помеѓу останатото, Raimondo v. Italy, 22 February 1994, Series A no. 281‑A; Trijonis v. Lithuania, no. 2333/02, 15 December 2005; Raninen v. Finland, 16 December 1997, Reports of Judgments and Decisions 1997‑VIII; Gartukayev v. Russia, no. 71933/01, 13 December 2005; и исто така Cyprus v. Turkey, no. 8007/77, Commission decision of 10 July 1978, Decisions and Reports (DR) 13, p. 85, § 235; X. v. Germany, no. 8334/78, Commission decision of 7 May 1981, DR 24, p. 131; Guenat v. Switzerland, no. 2472/94, Commission decision of 10 April 1995, DR 81-B, p. 13). Владата тврдеше дека кога овластувањето за сопирање и претрес се погледне во светло на оваа позадина, обичната употреба од страна на полицијата на такво овластување во вообичаени околности не би го ангажирала дејството на член 5, и не го ангажирала во случаите на жалителите. Имало повеќе специфични особини кои не оделе во прилог на применливоста на член 5 во посебните околности во случаите на секој од жалителите. Прво, времетраењето на претресите (20 минути во однос на првиот жалител и или пет или 30 минути во однос на вториот) било јасно недоволно долго за да доведе до лишување од слобода во отсуство на други отежнителни фактори. Второ, целта поради која полицијата ги користела тие овластувања не била да се лишат жалителите од слобода туку да се спроведе ограничен претрес за определени предмети. Трето, жалителите не биле уапсени ниту на нив била применета сила од било кој вид. Четврто, немало затворање во ограничено место. Петто, жалителите не биле ставени во притвор ниту им било наложено да бидат на определено место: тие биле претресени на самото место [каде биле сопрени].
Владата понатаму сметаше дека ако, спротивно на нејзините аргументи, се најде дека членот 5 е применлив, сопирањето и претресот на секој од жалителите биле законски и оправдани според член 5 § 1(б).
2.Оцена на судот
56. Судот потсетува дека членот 5 § 1 не се однесува на обични ограничувања на слободата на движење; таквите ограничувања се регулирани со член 2 од Протокол бр. 4, кој не е ратификуван од Обединетото Кралство. Со цел да се утврди дали некој бил „лишен од слобода“, почетната точка мора да биде неговата конкретна ситуација и мора да се земат во обзир цел спектар на критериуми како што се видот, времетрањето, последиците и начинот на имплементација на мерката која е во прашање. Разликата помеѓу лишувањето од слобода и ограничувањето на слобода е сепак само во степен или интензитет, а не разлика во вид или суштина. Иако процесот на класификација во едната или другата од овие категории понекогаш се покажува како не толку лесна задача во тоа што некои гранични случаи се прашање само на мислење, Судот не може да го избегне одлучувањето од кое зависи применувањето или неприменувањето на членот 5 (види Guzzardi v. Italy, 6 November 1980, §§92-93, Series A no. 39; Ashingdane v. the United Kingdom, 28 May 1985, § 41, Series A no. 93; H.L. v. the United Kingdom, no. 45508/99, § 89, ECHR 2004‑IX).
57. Судот воочува дека иако времетрањето на сопирањето и претресот на секој од жалителите не надминало 30 минути, во текот на тоа време жалителите биле целосно лишени од било каква слобода на движење. Тие биле должни да останат таму каде што биле и да се подложат на претресот и доколу тоа го одбиеле би биле подложни на апсење, задржување во полициска станица и кривични обвиненија. Овој елемент на присила е индикативен за лишување од слобода во смисла на член 5 § 1 (види, на пример, Foka v. Turkey, no. 28940/95, §§ 74-79, 24 June 2008). Во овој случај, сепак, Судот не е обврзан да одлучи по ова прашање во светло на неговите заклучоци во врска со член 8 од Конвенцијата.
Б. Наводна повреда на член 8 од Конвенцијата
1.Дали имало мешање со правата на жалителите од член 8
58. Судот најпрво ќе разгледа дали мерките на сопирање и претрес претставувале мешање со правото на жалителите на почитување на нивниот приватен живот.
a.Аргументи на странките
59. Жалителите посочија дека Апелациониот суд го опишал членот 44 како „исклучително широко овластување за мешање со приватноста на припадниците на јавноста“ и дека Началникот на метрополитенската полиција тврдел пред домашните судови дека употребата на овластувањата претставувала мешање со правата на поединецот од член 8 (види параграф 14 погоре). Тие тврдеа дека Лордот Bingham погрешно заклучил дека членот 8 не бил применлив затоа што „обичното претресување на лицето и отворањето на чанти, од видот на кој патниците се изложуваат без поплаки на аеродроми, на пример, тешко може да се каже дека го достигнува“ потребниот степен на сериозност. Тие сметаа дека лицата на аеродром се подложувале на претрес затоа што било познато дека аеродромските службени лица имале овластувања на присила и затоа што слободата на патување по воздушен пат била условена со согласноста да се биде претресен. Тоа лице би можело, затоа, да одбере да не патува со авион или да не земе со себе било какви лични предмети кои не сака да бидат проверени во јавност. Членот 44 бил, сепак, од поинаков карактер. Граѓани кои вршеле легални работи на јавно место би можеле, без било какво претходно известување или било какво основано сомнение дека прекршиле закон, да бидат задолжени да ги дадат сите свои лични предмети на детално присилно проверување. Тие не можеле да се свртат и да си заминат, како што би можеле да сторат ако, на пример, се двоумеле дали да влезат во јавна зграда во која се врши претрес при влез. Тие не би знаеле однапред дека се наоѓаат во подрачје каде активни овластувања од член 44 биле во сила. Судската пракса на Судот, на пример, Peck v. the United Kingdom, no. 44647/98, §§ 57-63, ECHR 2003-I, јасно покажува дека поединецот автоматски не ги губи своите права на приватност само со носење на неговите лични предмети на јавно место како што е улица. Дотолку повеќе, заедничката нишка која се наоѓа во целината на членот 8 била личната автономија. Тој концепт бил значително нарушен со полициските овластувања да се наложи задолжителен претрес на јавно место, посебно со оглед на недостигот на претходно известување кое повлекувало да секој претпостави дека, кога и да оди на јавно место, може да бидат задолжен да се подложи на претрес.
60. Владата тврдеше дека претресите на жалителите не претставувале мешање со нивното право на почитување на нивните приватни животи. Не секој акт кој може да се меша со автономијата на лицето или физичкиот интегритет, би значел такво мешање (види Costello-Roberts v. the United Kingdom, § 36, judgment of 25 March 1993, Series A no. 247-C). Дали правото на приватен живот било вклучено со определена мерка која се меша со автономијата на лицето или физичкиот интегритет би зависело од сериозноста на мерката и од степенот во кој засегнатото лице во околностите на случајот се однесувало во сфера каде јавниот живот или интересите на други луѓе биле нужно вклучени. Иако Владата прифати дека во определени околности посебно наметлив претрес би довел до мешање со член 8, таа тврдеше дека нормален, претрес со почит кон лицето според член 45 од Законот од 2000 не би довел [до мешање] и дека немало мешање во случаите на жалителите. Жалителите не биле претресени во нивните домови, дури ниту во полициска станица, туку на самото место. Во согласност со Кодексот (види параграф 36 погоре), со оглед на тоа што на ниту еден од жалителите не му било побарано да соблече било кој дел од облеката, туку била спроведена само проверка на надворешната облека и чанти, од видот на кој патниците редовно се подложуваат на аеродроми. Жалителите не биле прашани за други лични податоци освен нивните имиња, адреси и место на раѓање. Во двата случаи, мешањето било од релативно кратко траење. Понатаму, жалителите самите се довеле во допир со јавната сфера преку нивното доброволно вклучување на јавен протест. Фактот што во други околности подлабински претрес би можел да се изврши не им овозможува на жалителите да се жалат за било какво мешање со нивните права од член 8: Судот не го испитувал можното функционирање на законот in abstracto.
б.Оцена на Судот
61. Како што Судот имал претходни прилики да забележи, концептот на „приватен живот“ е широк термин кој не е подложен на исцрпна дефиниција. Тој се однесува на физичкиот и психолошкиот интегритет на личноста. Поимот на лична автономија е важен принцип кој е основа на толкувањето на неговите гаранции (види Pretty v. the United Kingdom, no. 2346/02, § 61, ECHR 2002-III). Членот исто така го заштитува правото на идентитет и личен развој, и правото на создавање врски со други човечки суштества и надворешниот свет. Постои, затоа, зона на интеракција на личноста со другите, дури и во јавен контекст, која може да потпадне во опсегот на „приватен живот“. Има повеќе елементи релевантни за утврдување дали приватниот живот на личноста е засегнат со мерки спроведени надвор од неговиот дом или приватни простории. Во врска со тоа, разумните очекувања на лицето во однос на приватноста можат да бидат значаен, иако и не нужно решавачки, фактор (види P.G. and J.H. v. the United Kingdom, no. 44787/98, §§ 56-57, ECHR 2001-IX и Peck, цитиран погоре, §§ 57-63). Во Foka, цитиран погоре, § 85, каде жалителката била подложена на принуден претрес на нејзината чанта од страна на граничните службеници, Судот нашол дека „секој претрес извршен од страна на властите врз некое лице претставува мешање со неговиот или нејзиниот приватен живот“.
62. Свртувајќи се на фактите на конкретниот случај, Судот воочува дека членовите 44-47 од Законот од 2000 му дозволуваат на униформиран полициски службеник да сопрат било кое лице во географското подрачје на кое се однесува одобрението и физички да го претресат тоа лице како и сѐ што тоа лице носи со себе. Полицискиот службеник може да побара поединецот да го соблече она што го носи на главата, обувките, надворешната облека и ракавиците. Параграфот 3.5 од поврзаниот Кодекс на полициска етика понатаму појаснува дека полицискиот службеник може да ја стави неговата или нејзината рака во внатрешноста на џебовите на лицето, да проверува околу и во внатрешноста на неговите или нејзините јаки, чорапи, и чевли како и да ја пребара косата на тоа лице (види параграф 36 погоре). Претресот се одвива во јавност и одбивањето да се подложи на тој претрес доведува до кривично дела казниво со затвор или парична казна или и со двете казни (види параграф 33 погоре). Пред домашните судови, иако Домот на Лордовите се сомневал дали членот 8 бил применлив, со оглед на тоа што мешањето не го достигнувало потребниот степен на сериозност, Началникот на метрополитенската полиција тврдел дека употребата на овластувањето од член 44 доведувала до мешање со правата на поединецот од член 8 а Апелациониот суд го опишал како „исклучително широко овластување за мешање со приватноста на припадниците на јавноста“ (види параграфи 14 и 19 погоре).
63. Владата тврди дека во определени околности посебно наметлив претрес може да доведе до мешање со правата на поединецот од член 8, како што може и претрес кој вклучува прегледување на адресар или дневник или кореспонденција, но дека површен претрес кој не вклучува откривање на такви предмети не доведува [до мешање]. Судот не може да го прифати овој став. Без оглед на тоа дали во определен случај кореспонденцијата или дневниците или други приватни документи се откриени и прочитани или други интимни предмети се откриени при претресот, Судот смета дека употребата на принудни овластувања доверени со закон за да се наложи на поединецот да се подложи на негов детален претрес, на неговата облека и неговите лични предмети доведува до јасно мешање со правото на почитување на приватниот живот. Иако претресот се спроведува на јавно место, тоа не значи дека членот 8 не е применлив. Навистина, според мислењето на Судот, јавниот карактер на претресот може, во определени случаи, да ја зголеми сериозноста на мешањето заради елементот на понижување и засраменост. Предмети како што се чанти, паричници и дневници можат, сепак, да содржат лични податоци кои нивниот сопственик може да се чувстува непријатно да бидат изложени на погледот на неговите придружници или пошироката јавност.
64. Судот исто така на е убеден од аналогијата која се прави со претресот на патниците на кој тие се подложуваат без поплаки на аеродроми или при влез во јавна зграда. Не мора да одлучи дали претресот на лицето и на неговите чанти во такви околности доведува до мешање со правата на поединецот од член 8, иако тоа е мешање кое е јасно оправдано со безбедносни причини, затоа што од причините дадени од страна на жалителите тие ситуации не можат да бидат споредени. Патник во авион може да се смета како да се согласува со претрес преку одбирањето да патува. Тој знае дека тој и неговите чанти ќе бидат претресени пред да влезе во авион и има слобода да избере, затоа што може да не носи со себе лични предмети или да замине без да биде подложен на претрес. Овластувањата според член 44 квалитативно се разликуваат. Поединецот може да биде сопрен било каде, без известување и без било каков избор дали да се подложи на претрес.
65. И двајцата жалители биле сопрени од страна на полициски службеник и биле должни да се подложат на претрес по член 44 од Законот од 2000. Од горенаведените причини, Судот смета дека тие претреси претставувале мешање со нивното право на почитување на приватниот живот од член 8. Такво мешање е оправдано според условите на параграф 2 од член 8 само ако е „во согласност со закон“, остварува една или повеќе легитимни цели на кои се повикува параграф 2 и е „неопходно во демократско општество’ за да се постигне таа или тие цели (види, на пример, Liberty and Others v. the United Kingdom, no. 58243/00, § 58, ECHR 2008-...).
2.Дали мешањето било „во согласност со законот“
a.Аргументи на странките
i. Жалителите
66. Жалителите тврдеа дека предмет на обврската на правна сигурност која се провлекува низ Конвенцијата бил да се даде заштита против арбитрерно мешање од страна на јавните власти. Следувало дека „законот“ мора да биде достапен, предвидлив и во согласност со владеењето на правото, давајќи соодветна индикација на околностите во кои овластувањето може да се користи и на тој начин овозможувајќи им на припадниците не јавноста да го адаптираат нивното однесување и да ги предвидат последиците од нивните дејствија. На извршната власт не можело да и се даде неограничена дискреција; дотолку повеќе, опсегот на било каква дискреција дадена на извршната власт морал да биде дефиниран со таква прецизност, која е соодветна на материјата, за да се појаснат условите во кои овластувањето може да се користи. Понатаму, морало да има правни заштитни мерки против злоупотреба.
67. Жалителите тврдеа дека условот на достапност не бил исполнет во нивните случаи. Иако членовите 44-47 од Законот од 2000 биле адекватно достапни за јавноста, одобренијата и потврдувањето не биле. Така, припадник на јавноста би знаел дека овластување за сопирање и претрес од член 44 би можело да биде доверено на полицијата, но не би знаел во конкретно време или конкретно место дали било и потврдено. Тој не би можел да знае дали, ако би отишол во било кое конкретно место, би бил подложен на можноста да биде сопрен и претресен, и, во случај да биде сопрен и претресен, тој не би можел да знае дали полицискиот службеник имал одобрение да ја спроведе процедурата. Кога на полициски службеник, без да му биде познато на припадник на јавноста, му е доверено овластување, слободната дискреција на полицискиот службеник за сопирање и претрес е широка и лошо дефинирана, не наложува никакви основи на сомневање и е ограничена единствено со условот дека може да се употреби само со цел барање на предмети кои се од таков вид да можат да се употребат во врска со тероризам.
68. Тие тврдеа дека иако Законот од 2000 и Кодексот А (види параграфи 28-36 погоре) ја информирал јавноста за достапноста и опсегот на овластувањата од член 44, одобрени, тие не наложувале фактот на или деталите од било кое одобрение да бидат објавени на било кој начин, дури ни ретроактивно. Според жалителите, ефикасноста на овластувањето од член 44 не била ослабната со претходно известување за него. Претходно предупредување би го зајакнало обесхрабрувачкиот ефект на мерката. Понатаму, достапноста и опсегот на другите овластувања за сопирање и претрес, на пример, на аеродроми и граници, биле објавувани без да се намали нивната ефикасност. Во текот на домашната постапка Владата се согласила со ретроактивно објавување на одобренијата кои се релевантни во случајот, а кои го покривале целиот сектор на метрополитенската полиција. Не можело да биде точно дека целта на користење на овластување по член 44 била „потполно доведена во прашање“ затоа што опсегот на одобрението бил познат.
69. Жалителите понатаму тврдеа дека немало доволно заштитни мерки против злоупотреба на овластувањето за сопирање и претрес. Владата имала именувано Независен аналитичар за спроведувањето на Законот од 2000 (види параграфи 37-43 погоре). Сепак, во однос на „екстензивното“ користење во целата земја на овластувањата од член 44, на пример, Лордот Carlile одлучил дека не би било во јавен интерес да се даваат детали за причините и настаните.
70. Не било потребно претходно судско одобрение за достапност на овластувањето а можноста да се поведе постапка пред Окружниот суд за да се утврди дали овластувањето било соодветно и законски употребено, била потполно несоодветна заштитна мерка против злоупотреба и арбитрерност. Еx post facto оценувањето на употребата на овластувањето од страна на Окружниот суд во случајот на било кој поединец не го поправал недостигот на правна сигурност поврзан со овластувањето. Случаите на самите жалители го илустрирале овој заклучок: штом Домот на Лордовите ги отфрлил нивните жалби по Конвенцијата, оставено било на Окружниот суд само да утврди дали полициските службеници нависитина барале предмети поврзани со тероризам и дали жалителите очигледно не биле осомничени терористи, прашање на кое позитивен одговор бил речиси невозможен. Отстранувањето на условот за „основано сомнение“, или на било која друга објективна причина за претресот, го правеле секој граѓанин исклучително ранлив на абритрерно користење на овластувањето, ограничено само со искреноста на полицискиот службеник да открие каков тип на икриминирачки предмет тој барал при претресот во прашање. Недостигот на било какви практични и ефикасни заштитни мерки бил засилен со очигледно широката дефиниција на „предмети кои се од таков вид да можат да бидат користени во врска со тероризам“. Затоа имало вистински ризик дека овластувањата можат да бидат погрешно употребени, повеќе за да се регулираат протести или за да се одржи јавниот ред, отколку за да се спречи тероризам. Ова јасно имало далекусежни последици за граѓанските слободи во Обединетото Кралство, посебно кога, во релевантниот период, одобрението го покривало целиот сектор на метрополитенската полиција, било континуирано продолжувано секој месец скоро шест години, и кога немало обврска одобрението да биде неопходно или да е погодно, туку само „соодветно“ за спречување на тероризам.
ii.Владата
71. Владата тврдеше дека условот за законитост според Конвенцијата бил исполнет во конкретниот случај преку комбинација на законски одредби; информациите дадени на поединците после претрес според член 44; прецизните инструкции во Кодексот за тоа како треба се користат овластувањата за претрес; и достапноста на судска постапка за оспорување на употребата на тие овластувања во поединечни случаи. Членовите 44-45 од Законот од 2000 биле јасни во тој поглед. Тие ги информирале граѓаните дека тие може да бидат должни да се подложат на сопирање и претрес и предвидувале заштитни мерки против злоупотреба, во голем број на одредби на домашното право за кои Судот или Комисијата во [други] случаи заклучиле дека се доволно предвидливи во контекст на националната безбедност (како во, на пример, Brind v. the United Kingdom (dec.), no. 18714/91, 9 May 1994; Al-Nashif v. Bulgaria, no. 50963/99, §§ 117-129, 20 June 2002; Esbester v. the United Kingdom (dec.), no. 18601/91, 2 April 1993).
72. Во овој поглед, релевантно било што законската рамка во членовите 44-46 од Законот од 2000 внимателно ги дефинирала и ограничувала целите за кои овластувањата за претрес можеле да бидат користени; кој можел да издаде одобренија; под кои услови и за колку време одобренијата можеле да бидат издадени; кој можел да ги потврди одобренијата; во кои околности и за колку време одобренијата можеле да бидат издадени и во кои околности самите овластувања за претрес можеле да се користат. Понатаму Кодексот, кој бил документ од јавен карактер, востановувал многу детални инструкции за користењето на овластувањето за сопирање и претрес. Наложувал полицискиот службеник кој врши претрес да му ја објасни на поединецот кој бил сопрен прецизната цел на претресот, видот на законското овластување кое се користи како и фактот и видот на одобрението издадено за претрес. Одобрението можело да биде оспорено во постапка на судска контрола врз основа на тоа дека ги пречекорило овластувањата дадени во член 44 од Законот од 2000. Ако се тврдело дека претресот бил спроведен од погрешни причини, или спротивно на одредбите на Законот од 2000 или Кодексот, тој можел да биде оспорен во постапка за судска контрола или во постапка за надомест на штета пред Окружниот суд. Понатамошна заштита против било какво арбитрерно мешање со правата на поединците било предвидено преку надзорот на Лордот Carlile, кој бил именуван за Независен аналитичар за да го мониторира користењето на овластувањата од Законот од 2000.
73. Владата го отфрли тврдењето на жалителите дека одобренијата требало да се објавуваат однапред. Прво, и најважно, тоа целосно би ја загрозило причината заради кое одобренијата се издавале. Објавувањето на детали за одобренијата како последица би ги открило тие места каде таквите мерки за заштита од терористички напад биле воведени, правејќи ги лесни мети за терористи. Би ја загрозило способноста на полицијата ефикасно да ги користи овластувањата за сопирање и претрес, таму каде се сомнева дека терористите оперираат. Исто така би им помогнало на терористите да ја оценат ефикасноста на државата за навлегување во нивните мрежи или за разбирање на нивните активности.
74. Владата остана на ставот дека имало адекватни заштитни мерки против погрешна употреба на овластувањето. Комбинацијата на надзор од страна на Независниот аналитичар и контрола на домашните судови целосно одговарале на секое тврдење дека овластувањата од член 44-46 можеле да се користат арбитрерно. На пример, во случајот на жалителите, Окружниот суд можел – и тоа и го сторил – да испита дали полициските службеници ги употребиле овластувањата од член 45 за нивната правилна примена, имено за да бара предмети поврзани со тероризам. Полициските службеници немале слобода да се однесуваат арбитрерно. Жалителите имале право вкрстено да ги испитуваат и судот бил слободен во својата оцена на нивните докази. Фактот што, во конкретниот случај, Окружниот суд го прифатил сведочењето на полициските службеници во никој случај не значел дека неговата контрола била несоодветна.
75. Според Владата, жалбените наводи на жалителите во овој поглед биле, во суштина, колатерален напад на отсуството на било каква обврска за „основано сомнение“ од членовите 44-46 од Законот од 2000. Но имало добри причини зошто полициските службеници не морале да дејствуваат по основ на основано сомнение: како што Лордот Bingham посочил во Домот на Лордовите (види параграф 21 погоре), тоа било за да се осигура дека полицискиот службенил не е обесхрабрен да сопре и претресе некое лице за кое се сомнева дека е можен терорист од стравот дека не можел да докаже разумни основи за неговото сомнение. Тоа било одраз на фактот што разузнавачките информации ретко давале потполни податоци за тоа кога и каде би можел да се изврши терористички напрад и затоа клучните одлуки морале да бидат донесени врз основа на делумни информации.
б.Оцена на Судот
76. Судот потсетува на својата добро воспоставена судска пракса дека зборовите „во согласност со законот“ наложуваат оспорената мерка да има некаква основа во домашното право и да биде компатибилна со владеењето на правото, што е изречно споменато во преамбулата на Конвенцијата и е инхерентно на предметот и целта на член 8. Законот мора да биде адкеватно достапен и предвидлив, што значи, формулиран со доволна прецизност за да му овозможи на поединецот – ако е потребно и со соодветен совет – да го адаптира своето однесување (S. and Marper v. the United Kingdom [GC], nos. 30562/04 and 30566/04, §§ 95 and 96, ECHR 2008-...).
77. За да ги исполни овие услови домашното право мора да понуди мерки на правна заштита против арбитрерно мешање од страна на јавните власти со правата заштитени со Конвенцијата. Во прашања кои влијааат врз основните права би било спротивно на владеењето на правото, еден од основните принципи на демократското општество загарантирани со Конвенцијата, законска дискреција дадена на извршната власт да биде изразена како неограничено овластување. Последователно, законот мора да го посочи со доволно јасност опсегот на секое такво дискреционо овластување доверено на надлежните власти и начинот на неговата употреба (Rotaru v. Romania [GC], no. 28341/95, § 55, ECHR 2000-V; Hasan and Chaush v. Bulgaria [GC], no. 30985/96, § 4, ECHR 2000-XI; Maestri v. Italy [GC], no. 39748/98, § 30, ECHR 2004‑I; види исто така, помеѓу останатите примери, Silver and Others v. the United Kingdom, 25 March 1983, §§ 88-90, Series A no. 61; Funke v. France, §§ 56-57, judgment of 25 February 1993, Series A no. 256-A; Al-Nashif v. Bulgaria, no. 50963/99, § 119, 20 June 2002; Ramazanova and Others v. Azerbaijan, no. 44363/02, § 62, 1 February 2007; Glas Nadezhda EOOD and Anatoliy Elenkov v. Bulgaria, no. 14134/02, § 46, ECHR 2007‑XI (extracts); Vlasov v. Russia, no. 78146/01, § 125, 12 June 2008; Meltex Ltd and Movsesyan v. Armenia, no. 32283/04, § 81, 17 June 2008). Степенот на прецизност потребен за домашните закони – кои не може да ја пропишат секој можна ситуација – зависи во значителна мерка од содржината на инструментот за кој станува збор, сферата која е предвидено да ја покрива и статусот на тие на кои се однесува (види, на пример, Hashman and Harrup v. the United Kingdom [GC], no. 25594/94, § 31, ECHR 1999‑VIII; S. and Marper, цитиран погоре, § 96).
78. Не е спорно дека овластувањето за кое станува збор во конкретниот случај има основа во домашниот закон, имено членовите 44-47 од Законот од 2000 (види параграфи 28-34 погоре). Понатаму, Кодексот на полициска етика, кој е јавен документ, ги наведува деталите за начинот на кој полицискиот службеник мора да го изврши претресот (види параграфи 35-36 погоре).
79. Жалителите, сепак, се жалат дека овие одредби и даваат несоодветно широка дискреција на полицијата, и во смисла на одобренијата за овластувањето за сопирање и претрес и во смисла на неговата практична примена. Домот на Лордовите сметал дека ова дискреционо овластување било подложно на ефикасна контрола, и Лордот Bingham идентификувал седум ограничувања против злоупотреба на овластувањето (види параграф 16 погоре). Сепак, според Судот, заштитните мерки превидени во домашното право не се покажало дека претставуваат вистинско ограничување на широките овластувања дадени на извршната власт за да му обезбедат на поединецот адекватна заштита против арбитрерно мешање.
80. Судот воочува на почетокот дека високиот полициски службеник споменат во член 44(4) од Законот може да одобри секој полициски службеник во униформа да сопре и претресе пешак во било кое подрачје определено од негова страна кое спаѓа во негова надлежност ако тој „смета дека е соодветно за спречување на терористички акти“. Сепак, „соодветно“ не значи ништо повеќе од „корисно“ или „од помош“. Нема обврска во фазата на одобрение овластувањето за сопирање и претрес да треба да се смета за „неопходно“ и затоа нема ни обврска за оцена на пропорционалноста на мерката. Одобрението е предмет на потврдување од страна на Министерот за внатрешни работи во рок од 48 часа. Министерот за внатрешни работи не може да го промени географскиот опсег на одобрението и иако тој или таа може да одбие потврдување или да [го] замени [одреденото со] пократко време на истекување, се чини дека во пракса тоа никогаш не било сторено. Иако користењето на овластувањата за одобрение и потврдување е предмет на судска контрола, обемот за законските овластувања е таков да жалителите се соочуваат со големи пречки да докажат дека било кое одобрение и потврдување се ultra vires или претставуваат злоупотреба на овластувањето.
81. Одобрението мора да биде временски ограничено до 28 дена, но може да биде продолжено. Не може да се протега надвор од границите на полицискиот сектор и може да биде ограничено географски во тие граници. Сепак, многу полициски сектори во Обединетото Кралство покриваат големи региони со концентрирано население. Секторот на метрополитенската полиција, каде жалителите биле сопрени и претресени, се протега на целото пошироко подрачје на Лондон. Неуспехот на временските и географските ограничувања предвидени од Парламентот да дејстуваат како вистинска контрола на издавањето на одобрение од страна на извршната власт е покажан од фактот дека одобрение за метрополитенскиот полициски сектор било континуирано продолжувано како „непрекината програма“ откако овластувањата биле првично дадени (види параграф 34 погоре)
82. Дополнителна заштитна мерка е обезбедена преку Независниот аналитичар (види параграф 37 погоре), Сепак, неговите овластувања се ограничени на известување за општото спроведување на законските одредби и тој нема право да отповика или промени одобренија, и покрај фактот што во секој извештај почнувајќи од мај 2006 тој изразил јасен став дека „членот 44 може да се користи помалку и јас очекувам тој и да биде користен помалку“(види параграфи 38-43 погоре).
83. Исто така загрижувачки е опсегот на дискреционите овластувања дадени на поединечен полициски службеник. Полицискиот службеник е должен, кога го врши претресот, да ги почитува условите на Кодексот. Сепак, Кодексот во суштина повеќе го регулира начинот на кој сопирањето и претресот се вршат, отколку што предвидува било какво ограничување на одлуката на полицискиот службеник за сопирање и претрес. Таа одлука е, како што Домот на Лордовите јасно покажа, заснована исклучиво на „претчувството“ или „професионалната интуиција“ на конкретниот полициски службеник (види параграф 23 погоре). Не само што тој не мора да докаже постоење на било какво основано сомнение, туку тој не е обврзан ниту субјективно да се сомнева во било што поврзано со лицето кое се сопира и претресува. Единствениот услов е дека претресот мора да биде со цел на барање на предмети кои би можеле да се користат во врска со тероризам, многу широка категорија која би можела да се однесува на многу предмети кои вообичаено се носат од луѓето на улица. Под услов засегнатото лице да е сопрено со цел да се бараат такви предмети, полицискиот службеник не мора дури ни да има основи да се сомнева во присуство на такви предмети. Како што беше воочено од страна на Лордот Brown во Домот на Лордовите, овластувањето за сопирање и претрес предвидено со член 44 „радикално .... отстапува од нашето традиционално сфаќање на лимитите на полициското овластување“(види параграф 23 погоре).
84. Во врска со тоа Судот е вчудовиден од статистичките и други докази кои го покажуваат степенот до кој се користат овластувањата за сопирање и претрес од страна на полициските службеници според член 44 од Законот. Министерството за правда регистрирало вкупно 33,177 претреси во 2004/5, 44,545 во 2005/6, 37,000 во 2006/7 и 117,278 во 2007/8 (види параграфи 44-46 погоре), Во неговиот извештај за спроведувањето на Законот во 2007, Лордот Carlile забележал дека додека апсења за други кривични дела следеле после претреси според член 44, ниту еден од повеќето илјади претреси не бил поврзан со терористичко кривично дело; во неговиот извештај од 2008 Лордот Carlile воочил дека примерите на погрешно и непотребно користење на член 44 биле бројни, и дека имало докази за случаи каде лицето сопрено било толку очигледно далеку од било кој познат профил на терорист што, реално, немало ни најмала можност тој/таа да биде терорист и немал ниту една друга особина за да го оправда сопирањето.
85. Според Судот, постои јасен ризик од арбитрерност во давањето на такво широко дискреционо овластување на полициски службеник. Иако конкретните случаи не се однесуваат на жалители црнци или од азиско потекло, ризиците за дискриминирачка употреба на овластувањата против такви лица се многу реално размислување, како што ставовите на Лордот Hope, Лордот Scott и Лордот Brown потврдија. Статистичките податоци кои се достапни покажуваат дека црнците и азијатите се диспропорционално засегнати од овластувањата, иако Независниот аналитичар воочил, во неговиот најнов извештај, дека имало пракса на сопирање и претресување на белци само за да се создаде поголема расна рамнотежа во статистичките податоци (види параграфи 43-44 погоре). Постои, понатаму, ризик дека толку широко формулираното овластување можело да се злоупотреби против демонстранти и протестанти спротивно на член 10 и/или член 11 од Конвенцијата..
86. Владата тврди дека заштитните мерки против злоупотреба се обезбедени со правото на поединецот да оспори сопирање и претрес преку судска контрола или да поднесе тужба за надомест на штета. Но, ограничувањата на двете постапки се јасно покажани во конкретниот случај. Посебно, во отсуство на било каква обврска на полицискиот службеник да докаже основано сомнение, веројатно е дека ќе биде тешко ако не и невозможно да се докаже дека овластувањето било неправилно употребено.
87. Како заклучок, Судот смета дека овластувањата на одобрение и потврдување како и тие за сопирање и претрес според членовите 44 и 45 од Законот од 2000 ниту се доволно ограничени ниту се предмет на соодветни правни заштитни мерки против злоупотреба. Тие затоа не се „во согласност со законот“ и следи дека има повреда на членот 8 од Конвенцијата.
В.Наводна повреда на членовите 10 и 11 од Конвенцијата
88. Жалителите понатаму тврдеа дека нивните права на слобода на изразување по член 10, и слобода на собирање по член 11, од Конвенцијата биле повредени. Тврдеа дека сопирањето и претресот кои имале за последица одложување, дури и привремено, на истовремено известување или снимање на протест претставувале мешање со правата од член 10. Понатаму тврдеа дека самиот закон, со неговите несоодветни заштитни мерки, може да има застрашувачки и обесхрабрувачки ефект [chilling effect] врз користењето на тие права како форма на мирен протест и дека тоа било точно положбата во случајот на првиот жалител.
89. Владата тврдеше дека ниту постоењето на овластувањата за сопирање и претрес ниту употребата на тие овластувања во конкретните околности на случајот на жалителите претставувале мешање со нивните права од член 10 или 11.
90. Во светло на горенаведениот заклучок дека имало повреда на член 8, Судот не смета дека е неопходно да ги разгледа останатите жалбени наводи на жалителите по Конвенцијата.
III. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
91. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
A. Штета
92. Жалителите тврдеа дека тие се чувствувале вознемирувани и заплашени од дејствијата на полицијата и дека би било соодветно Судот да додели надомест во износ од GBP 500 на секој поединечно во однос на нематеријална штета.
93. Владата тврдеше дека, со оглед на краткото траење на сопирањето и претресот, не би требало да биде доделен паричен надоместок.
94. Судот се согласува со Владата дека наоѓањето на повреда претставува доволно правично задоволување во околностите на конкретниот случај.
Б. Трошоци и надоместоци
95. Жалителите побараа GBP 40,652.06, вклучително и данок на додадена вредност (ДДВ), за трошоците и надоместоците кои ги имале пред Судот. Тие вклучувале GBP 8,178.92 трошоци за Liberty (која наплаќа GBP 210 по час за главните адвокати и GBP 111 по час за адвокатски приправник) заедно со надоместокот на тројца адвокати во вкупен износ од GBP 32,473.14 со ДДВ.
96. Владата тврдеше дека износите по час наплатени од страна на застапниците на жалителите и бројот на часови кој бил прикажан биле прекумерни, посебно со оглед на тоа што прашањата биле претходно оспорени детално пред домашните судови.
97. Според судската пракса на Судот, жалител има право на надоместок на трошоци и надоместоци само во онаа мерка во која било докажано дека тие биле навистина и потребно направени и дека биле разумни во износ. Во конкретниот случај, со оглед на информациите кои ги има и на износите кои ги доделил во слични случаи против Обединетото Кралство (види, на пример, S. and Marper, цитиран погоре), Судот смета дека е разумно да додели износ од EUR 35,000 за трошоците во постапката пред Судот, минус EUR 1,150 веќе добиени како правна помош.
В. Затезна камата
98. Судот смета дека е соодветно затезната камата да се пресмета согласно најниската каматна стапка на Европската централна банка, на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ја прогласува жалбата за допуштена;
2. Одлучува дека има повреда на член 8 од Конвенцијата;
3. Одлучува дека нема потреба да ги разгледа жалбените наводи по членовите 5, 10 и 11 од Конвенцијата;
4. Одлучува дека наоѓањето на повреда претставува доволно правично задоволување во однос на било каква нематеријална штета претрпена од страна на жалителите;
5. Одлучува
(a) дека тужената држава треба да им плати на жалителите, во рок од три месеци од датата на која пресудата ќе стане конечна според член 44 § 2 од Конвенцијата, EUR 33,850 (триесет и три илјади осумстотини и педесет евра), плус секој данок кој може да им биде пресметан на жалителите, во однос на трошоци и надоместоци, кои ќе се конвертираат во британски фунти по курс кој важи на денот на исплата.
(б) дека по истекот на гореспоменатиот рок од три месеци до исплата, ќе се исплати камата на гореспоменатиот износ еднаква на најниската каматна стапка на Европската централна банка, за односниот период плус три процентни поени.
6. Го одбива останатиот дел од барањето на жалителите за правично задоволување.
Изработена на англиски, и доставена во писмена форма на 12 јануари 2010, според правило 77 §§ 2 и 3 од Правилникот на Судот.
Lawrence EarlyLech Garlicki
СекретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC датабазата на судска пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на случајот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако целта е да се употреби било кој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy