© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА ГРОС ПРОТИВ ШВАЈЦАРИЈА
(Жалба бр. 67810/10)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
30 септември 2014
Оваа пресуда е конечна но може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот на Грос против Швајцарија,
Европскиот суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Диан Шпилман (Dean Spielmann), претседател,
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Инета Зиемеле (Ineta Ziemele),
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Изабел Беро-Лефевр (Isabelle Berro-Lefèvre),
Боштјан М. Зупанчич (Boštjan M. Zupančič),
Алвина Ѓулумјан (Alvina Gyulumyan),
Канлар Хаџијев (Khanlar Hajiyev),
Драгољуб Поповиќ (Dragoljub Popović),
Леди Бјанку (Ledi Bianku),
Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria),
Ан Пауер-Форде (Ann Power-Forde),
Винсент А. де Гаетано (Vincent A. de Gaetano),
Линос-Александер Сицилианос (Linos-Alexandre Sicilianos),
Хелен Келер (Helen Keller),
Хелена Јадерблом (Helena Jäderblom),
Јоханес Силфис (Johannes Silvis), судии,
и Ерик Фриберг (Erik Fribergh), секретар,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 5 март 2014 г. и на 27 август 2014 г.,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнува од жалба (бр. 67810/10) против Швајцарската Конфедерација поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на швајцарската државјанка, г-ата Алда Грос („жалителката“) на 10 ноември 2010 година.
2. Жалителката беше застапувана од г-динот Ф.Т. Петерман, адвокат со пракса во Санкт Гален, Швајцарија. Швајцарската Влада („Владата“) беше застапувана од нивниот агент, г-динот Ф. Шурман, раководител на Одделот за човекови права и за Советот на Европа при Сојузното министерство за правда.
3. Повикувајќи се на членот 8 од Конвенцијата жалителката тврдеше, конкретно, дека нејзиното право да одлучи како и кога да стави крај на својот живот ѝ било повредено.
4. Жалбата ѝ беше доделена на Втората секција на Судот (правилото 52 § 1 од Деловникот на Судот). На 5 јануари 2012 г. Владата била информирана за жалбата. Исто така беше одлучено на случајот да му се даде приоритет. На 14 мај 2013 г. Судскиот совет составен од следниве судии: Гвидо Раимонди (Guido Raimondi), претседател, Дануте Јочиене (Danutė Jočienė), Пиер Лоренцен (Peer Lorenzen), Андраш Шају (András Sajó), Ишил Каракаш (Işıl Karakaş), Небојша Вучиниќ (Nebojša Vučinić), Хелен Келер (Helen Keller), судии, како и Стенли Наисмит (Stanley Naismith), секретар на Секцијата, зад затворена врата усвоија пресуда во која беше одлучено од мнозинството дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата. Заедничкото мислење на несогласување на судиите Раимонди, Јочиене и Каракаш беше приложено кон пресудата.
5. Во писмо на 12 август 2013 г. Владата побара случајот да се упати на Големиот судски совет согласно членот 43 од Конвенцијата и правилото 73. Панелот на Големиот судски совет го одобри барањето на 7 октомври 2013 година.
6. Составот на Големиот судски совет беше утврден според одредбите од членото 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и правилото 24.
7. И жалителката и Владата поднесоа сопствените дополнителни забелешки (правилото 59 § 1). Во своето барање со датум од 7 јануари 2014 г. Владата го информираше Судот дека жалителката починала на 10 ноември 2011 г. Адвокатот на жалителката поднесе коментари како одговор.
8. Дополнително, беа примени коментари од трети странки во однос на основаноста на жалбата и тоа од: Алијансата за одбрана на слободата (Alliance Defending Freedom) (претходно позната како Defense Fund), здружение со седиште во Соединетите Американски Држави (САД) посветено на заштита на правото на живот во светски рамки, претставувано од г-динот П. Колман; Европскиот центар за право и правда (European Centre for Law and Justice), здружение со седиште во Франција специјализирано за прашања од областа на биоетиката и одбрана на религиозната слобода, застапувани од г-динот Г. Пупинк; Американци обединети за живот (Americans United for Life), здружение со седиште во САД посветено на заштита на правото на живот од зачнувањето до природната смрт, застапувани од г-динот В.Л. Сондерс; и Дигнитас (Dignitas), здружение со седиште во Швајцарија чија цел е да им овозможи на своите членови да добијат нега на крајот од животот и да умрат со човечко достоинство, застапувани од г-динот Л.А. Минели. Претседателот им дозволи на сите трети странки што сакаа да интервенираат да интервенираат во писмената постапка пред Судскиот совет (членот 36 § 2 од Конвенцијата и правилото 44 § 3).
ФАКТИ
ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
9. Жалителката била родена во 1931 година и починала на 10 ноември 2011 година.
10. Повеќе години жалителката ја изразувала својата желба да стави крај на својот живот. Таа објаснила дека станувала сè понемоќна со одминувањето на времето и дека не сакала да продолжи да страда заради опаѓањето на нејзините физички и ментални способности. Таа одлучила дека сакала да стави крај на својот живот со тоа што би испила смртоносна доза на натриум пентобарбитал. Таа стапила во контакт со здружение за помогнато самоубиство – EXIT – за поддршка, кое ѝ одговорило дека ќе било тешко да се најде здравствен работник којшто би бил подготвен да ѝ даде рецепт за смртоносниот лек.
11. На 20 октомври 2008 г. психијатар, д-р Т., поднел стручно мислење во кое забележал дека не постоел сомнеж дека жалителката била способна самостојно да расудува. Од психијатриска медицинска гледна точка д-р Т. немал никаков приговор на жалителката да ѝ се препише смртоносна доза на натриум пентобарбитал. Меѓутоа, тој се оградил тој да ѝ го препише самиот врз основ дека тој не сакал да ги измеша улогите на медицинско стручно лице и лекар што дава третман.
12. Со писма со датум од 5 ноември 2008 г., 1 декември 2008 г. и 4 мај 2009 г. застапникот на жалителката во нејзино име поднел барање до три други здравствени работници да ѝ се издаде рецепт за натриум пентобарбитал, но сите одбиле да го издадат бараниот рецепт.
13. На 16 декември 2008 г. жалителката поднела барање до Здравствениот одбор на Кантонот на Цирих да добие 15 грама натриум пентобарбитал за да изврши самоубиство. На 29 април 2009 г. Здравствениот одбор го одбил барањето на жалителката.
14. На 29 мај 2009 г. жалителката поднела жалба до Управниот суд на Кантонот на Цирих. На 22 октомври 2009 г. Управниот суд ја отфрлил жалбата. Управниот суд сметал конкретно дека предусловот за лекарски рецепт за добивање на смртоносна доза на натриум пентобарбитал бил во согласност со членот 8 од Конвенцијата. Условот да се добие лекарски рецепт имал за цел да спречи прерани одлуки и да гарантира дека намерата била медицински оправдана. Со тоа дополнително се обезбедува одлуката да се заснова на обмислена примена на слободната волја на засегнатото лице. Управниот суд забележал дека д-р Т. во своето стручно мислење не земал во предвид дали жалителката страдала од некаква болест со што би била оправдана претпоставката дека ѝ се ближел крајот на животот. Своеволно донесената желба да се умре, дури и ако е добро обмислена, не било доволна причина да се оправда издавањето на лекарски рецепт. Соодветно на тоа содржината на досието на случајот не демонстрирал дека бил исполнат неопходниот предуслов за да се издаде лекарски рецепт во овој случај. Затоа имало потреба од дополнителни лекарски проверки. Во овие околности Управниот суд сметал дека немало доволна причина да се изостави жалителката од потребата од темелен лекарски преглед и лекарски рецепт.
15. На 12 април 2010 г. Сојузниот врховен суд ја отфрлил жалбата поднесена од жалителката. Тој меѓу другото забележал дека жалителката неспорно не ги исполнила предусловите поставени во насоките на медицинската етика во однос на грижата на крајот на животот усвоени од Швајцарската академија за медицински науки, со оглед дека не страдала од болест од која се умира, туку изразила желба да умре заради нејзината длабока старост и сè поголемата немоќ. Иако Сојузниот врховен суд претходно сметал дека издавањето на лекарски рецепт за натриум пентобарбитал на лице кое страдало од неизлечива, упорна и сериозна психолошка болест не значи дека достигнувало ниво на повреда на професионалните обврски на лекарот, овој исклучок требал да се применува со „апсолутна резерва“, а не ѝ забранувал на лекарската фела или на државата да ѝ ја обезбедат на жалителката бараната доза на натриум пентобарбитал за да стави крај на својот живот. Сојузниот врховен суд понатаму забележал дека издавањето на бараната супстанца барало темелен лекарски преглед во однос на истрајноста на желбата за умирање, долгорочен лекарски надзор од страна на специјалист којшто би бил подготвен да го издаде потребниот рецепт. Ова барање не можело да биде заобиколено од барањето на жалителот за исклучок од условот за добивање на лекарски рецепт.
16. На 10 ноември 2010 г. адвокатот на жалителката поднел жалба до Судот.
17. На 24 октомври 2011 г. жалителката добила лекарски рецепт за 15 грама натриум пентобарбитал потпишан од лекарот д-р У. На 10 ноември 2011 г. таа си ставила крај на својот живот откако ја испила препишаната супстанца. Според полицискиот извештај со датум од 14 ноември 2011 г. не можеле да идентификуваат ниеден роднина на починатата. Во извештајот се заклучува дека жалителката извршила самоубиство со помош на EXIT и дека за ниедно трето лице не се сметало дека е кривично одговорно во овој контекст.
18. Судот не бил известен за смртта на жалителката до 7 јануари 2014 г. (види параграф 19 долу).
ПРАВОТО
ПРЕЛИМИНАРЕН ПРИГОВОР НА ВЛАДАТА
А. Изјаснување на странките пред Големиот судски совет
19. Во својата молба до Судот од 7 јануари 2014 г. Владата се изјасни дека при подготовката на својата молба тие посветиле внимание на проверката на состојбата на жалителката во општината во којашто живеела и откриле дека таа починала на 10 ноември 2011 г. Оттука во моментот кога Судскиот совет усвоил пресуда во овој случај, таа веќе била околу година и пол мртва. Потпирајќи се на одлуката на Судот во случајот Предеску против Романија (Predescu v. Romania, (no. 21447/03, § 25, 2 December 2008)), побараа Судот да ја прогласи жалбата за недопуштена по основ на злоупотреба на правото на жалба, во согласност со членот 35 §§ 3 (a) и 4 од Конвенцијата.
20. Владата се изјасни дека адвокатот не само што не го информирал Судот за смртта на жалителката - што требал да го направи најдоцна до моментот кога Секретаријатот на Судот му го доставил прегледот на факти, под претпоставка дека таа сè уште била жива - но исто така го довел во заблуда и Судот со своите поднесоци со кои давал впечаток дека жалителката била сè уште жива.
21. Според гледиштето на Владата, однесувањето на адвокатот на починатата жалителка било такво со цел да го доведе во заблуда Судот во однос на суштинскиот аспект при проверката на жалбата.
Б. Адвокатот во врска со изјаснувањето на жалителката пред Големиот судски совет
22. Адвокатот одговори дека тој немал личен контакт со својата клиентка уште од јануари 2010 г. и дека за нејзината смрт дознал на 9 јануари 2014 г. кога добил копија од молбата на Владата од 7 јануари 2014 г.
23. Адвокатот објасни дека жалителката изразила желба адвокатот секоја понатамошна преписка да ја упатува до г-динот Ф., пензиониран свештеник кој исто така работел како волонтер во здружението за потпомогнато самоубиство EXIT. Причината за ваквиот аранжман бил, меѓу другото, дека кога директно примала писма од адвокатот тоа кај неа предизвикувало стрес и затоа ѝ требало помош од лице на кое му верувала. Оттука по нејзината жалба до Сојузниот врховен суд во јануари 2010 г. било договорено дека г-динот Ф. требал да ѝ ја носи секоја преписка неа лично и да ѝ ја објасни. Адвокатот се изјасни дека тој се придржувал до овие насоки.
24. По приемот на изјаснувањата на Владата на 9 јануари 2014 г. адвокатот веднаш стапил контакт со г-динот Ф., кој му објаснил дека не го информирал за смртта на жалителката по изречното барање на жалителката бидејќи таа се плашела дека тековните постапки во спротивно би биле прекинати. Во летото 2011 г. кога станало јасно дека жалителката ќе си го одземе животот таа го информирала г-динот Ф. дека адвокатот ѝ рекол доколку таа починела во текот на постапката случајот би бил прекинат и дека таа не сакала да се случи тоа бидејќи сакала „да создаде можност и за другите лица во нејзина ситуација“. Г-динот Ф. зазел гледиште дека професионалната обврска на духовниот советник не му дозволувала да ги обелодени изречните желби на жалителката. Адвокатот на жалителката понатаму кажа дека тој сметал дека навистина било жалосно дека г-динот Ф. не го информирал веднаш за смртта на жалителката бидејќи така како адвокат би го информирал Судот на време и ќе поднел барање за постапката сепак да продолжи.
25. Потпирајќи се на судската пракса на Судот во претходните случаи кога еден жалител ќе починал или ќе изразел желба да ја повлече својата жалба за време на постапките пред Комисијата или Судот (адвокатот упати на пресудите на Судот во случаите на Scherer v. Switzerland, 25 March 1994, Series A no. 287 и Tyrer v. the United Kingdom, 25 April 1978, § 21, Series A no. 26), тој тврдел дека по поднесување на жалба до институциите на Конвенцијата тие ја преземале постапката. Оттука Судот бил тој што требал да одлучи дали постапките во дадениот случај требале да продолжат. Одлучувачкиот фактор во таа смисла, според гледиштето на Судот, бил дали случајот покренувал општи прашања од јавен интерес кои требале да бидат дополнително испитани.
26. Во овој случај адвокатот на жалителката го повика Судот да ја продолжи постапката по основ дека случајот покренувал суштински прашања во врска со почитувањето на Конвенцијата кои барале дополнителна проверка од јавен интерес. „Еутаназијата“ била контроверзно и доста дебатирано прашање во повеќе европски земји. Случаи од оваа природа генерално биле изнесувани од лица кои биле постари и/или болни. Доколку постапките требале систематски да се напуштаат кога тоа лице ќе починело, Судот никогаш немало да се изјасни за прашањата покренати со таквите случаи.
В. Оценка на Судот
27. Членот 35 § 3(a) од Конвенцијата уредува:
„Судот нема да прифати никаква индивидуална жалба доставена врз основа на членот 34, ако оцени дека:
(а) жалбата е неспоива со одредбите на Конвенцијата или со нејзините протоколи, ако е очигледно неоснована или ако со неа се злоупотребува правото на индивидуална жалба;...“
28. Судот повтори дека согласно оваа одредба жалбата можела да биде одбиена како злоупотреба на правото на лична жалба доколку покрај другите причини истата била со знаење заснована на неточни факти (види Akdivar and Others v. Turkey [GC], 16 September 1996, §§ 53-54, Reports of Judgments and Decisions 1996‑IV; Varbanov v. Bulgaria, no. 31365/96, § 36, ECHR 2000‑X; Rehak v. Czech Republic (dec.), no. 67208/01, 18 May 2004; Popov v. Moldova (no. 1), no. 74153/01, § 48, 18 January 2005; Kérétchachvili v. Georgia (dec.), no. 5667/02, 2 May 2006; Miroļubovs and Others v. Latvia, no. 798/05, § 63, 15 September 2009; и Centro Europa 7 S.r.l. и Di Stefano v. Italy [GC], no. 38433/09, § 97, ECHR 2012). Поднесувањето на нецелосни информации кои доведуваат до заблуда може да се смета за злоупотреба на правото на жалбата, особено доколку информациите се однесуваат на сржта на случајот и не било обезбедено доволно објаснување за необелоденувањето на тие информации (види Hüttner v. Germany (dec.), no. 23130/04, 9 June 2006; Predescu v. Romania, no. 21447/03, §§ 25-26, 2 December 2008; и Kowal v. Poland (dec.), no. 2912/11, 18 September 2012). Истото важи доколку нови и важни настани се случиле за време на постапките пред Судот и кога, иако изречно се бара тоа да се направи од правилото 47 § 7 (поранешното правило 47 § 6) од Деловникот на Судот, жалителот не успеал да му ја обелодени таа информација на Судот, со што се спречува истиот да одлучи за случајот со целосно познавање на фактите (види Centro Europa 7 S.r.l. and Di Stefano, ibid., и Miroļubovs and Others, ibid.). Меѓутоа, дури и во такви случаи, намерата на жалителката да го изигра Судот мора секогаш да се утврди со доволна сигурност (види Al-Nashif v. Bulgaria, no. 50963/99, § 9, 20 June 2002; Melnik v. Ukraine, no. 72286/01, §§ 58-60, 28 March 2006; Nold v. Germany, no. 27250/02, § 87, 29 June 2006; и Centro Europa 7 S.r.l. and Di Stefano, ibid.).
29. Осврнувајќи се на околностите во овој случај, Судот забележува на самиот почеток дека во нејзината жалба поднесена до Судот на 10 ноември 2010 г. жалителката се жалела, повикувајќи се на членот 8 од Конвенцијата, дека швајцарските власти, со тоа што ја лишиле од можноста да добие смртоносна доза на натриум пентобарбитал, ѝ го повредиле нејзиното право да одлучи на кој начин и во кој моментот нејзиниот живот ќе завршел. Тој понатаму забележува дека на 5 јануари 2012 г. за нејзината жалба била известена тужената Влада и дека на 14 мај 2013 г. Судскиот совет усвоил пресуда во која одлучил (со четири гласа наспроти три) дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата, одлука која се засновала на претпоставката дека жалителката сè уште била жива (види параграфи 65-67 од пресудата на Судскиот совет).
30. Меѓутоа, подоцна беше откриено дека во меѓувреме, на 24 октомври 2011 г. жалителката добила лекарски рецепт за смртоносна доза на натриум пентобарбитал и дека на 10 ноември 2011 г. таа ставила крај на својот живот откако ја испила препишаната супстанца.
31. Судот не бил запознаен со ваквиот развој на настаните од страна на жалителката или нејзиниот адвокат туку од Владата, во нивното барање од 7 јануари 2014 г., откако случајот бил упатен на Големиот судски совет во согласност со членот 43 од Конвенцијата. При подготовката на своето барање Владата се распрашала за состојбата на жалителката и ги открила фактите и околностите на нејзината смрт.
32. Судот го зеде во предвид објаснувањето поднесено како одговор од страна на адвокатот дека не бил свесен за смртта на својата клиентка бидејќи тој бил во контакт со неа само преку посредник, г-динот Ф., кој – на нејзино барање – намерно се воздржал да не го извести адвокатот за нејзината смрт. Според г-динот Ф. ова било заради нејзиниот страв дека обелоденувањето на таков факт можело да го поттикне Судот да ја прекине постапката во нејзиниот случај. Како нејзин духовен советник тој сметал дека е обврзан од професионалната обврска на доверливост што го спречила да ја обелодени таа информација спротивно на нејзините желби.
33. Меѓутоа, според гледиштето на Судот, и со оглед на специфичната природа на случајот, фактот дека адвокатот на жалителката немал директен контакт со својата клиентка, туку се согласил со неа да комуницира индиректно преку посредник покренува загриженост во врска со неговата улога како правен застапник во постапките пред него. Покрај обврските на жалителката да соработува со Судот (види Правило 44А од Деловникот на Судот; види го исто така Правило 44В за „неучество на делотворен начин“, вклучително и можноста да извлече заклучоци од тоа дека една странка „не открила релевантни информации за сопствениот поднесок“) и да се информира за сите околности што се релевантни за неговата или нејзината жалба (види правило 47 § 7, поранешно правило 47 § 6), застапникот е одговорен да изнесе информации кои можат да доведат до забуна (види правило 44Г).
34. Од објаснувањето на адвокатот произлегува дека жалителката не само што не го информирала него, а последователно на тоа и Судот, за фактот дека го добила бараниот лекарски рецепт, туку исто така презела посебни мерки на претпазливост да спречи информацијата за нејзината смрт да му биде обелоденета на адвокатот, а последователно и на Судот со цел да го спречи да го прекине нејзиниот случај.
35. Во вакви услови Големиот судски совет смета дека фактот и околностите во врска со смртта на жалителката навистина се однесувале на самата срж на прашањето што било во суштината на нејзината жалба во однос на Конвенцијата. Исто така може да се помисли дека доколку овие факти му биле познати на Судскиот совет тоа можело да има одлучувачко влијание врз неговата пресуда од 14 мај 2013 г. со заклучок дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата (види, mutatis mutandis, Rule 80 of the Rules of Court; Pardo v. France (ревидирање - допуштеност), 10 July 1996, §§ 21-22, Reports 1996‑III; Pardo v. France (ревидирање - основаност), 29 April 1997, § 23, Reports 1997‑III; и Gustafsson v. Sweden (ревидирање - основаност), 30 July 1998, § 27, Reports 1998‑V). Меѓутоа, нема потреба Големиот судски совет да шпекулира во однос на ова бидејќи во секој случај, во согласност со членот 44 § 2 од Конвенцијата, пресудата на Судскиот совет од 14 мај 2013 г. не станала конечна.
36. Според г-динот Ф., мотивот на жалителката да не ги сподели релевантните информации бил дека, без разлика на фактот дека тековната несреќа како резултат на нејзината лична ситуација завршила, постапката во нејзиниот случај требала да продолжи во корист на луѓето кои биле во слична ситуација. Иако таквиот мотив може да биде разбирлив од перспектива на жалителката во исклучителната ситуација во која се наоѓала таа, Судот одлучи дека било доволно утврдено дека со намерниот пропуст да ја обелодени таа информација на својот адвокат, жалителката имала намера да го донесе Судот во заблуда во однос на прашање што било во сржта на нејзината жалба согласно Конвенцијата.
37. Соодветно на тоа Судот го потврди прелиминарниот приговор на Владата дека однесувањето на жалителката претставувало злоупотреба на правото на жалба во рамките на значењето на членот 35 § 3 (а) од Конвенцијата.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
Одлучи, со девет гласа наспроти осум дека заради злоупотребата од страна на жалителката на правото на жалба во рамките на значењето на членот 35 § 3(a) од Конвенцијата, жалбата не била допуштена.
Изготвена на англиски и на француски јазик, и доставена на писмено на 30 септември 2014 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Ерик ФрибергДин Шпилман
Секретар Претседател
Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, кон оваа пресуда се приложени следниве издвоени мислења:
(а) мислење на согласување на судијата Силвис;
(б) заедничко мислење на несогласување на судиите Шпилман, Зиемеле, Беро Лефевр, Зупанчич, Хаџијев, Цоцориа, Сицилианос и Келер.
Д.С.
Е.Ф.
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски јазик и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy