© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012
Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации види ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012
This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012
La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈ GIULIANI И GAGGIO против ИТАЛИЈА
(Жалба бр. 23458/02)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
24 март 2011
Оваа пресуда е конечна, но, може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Giuliani и Gaggio против Италија,
Европскиот суд за човекови права, заседавајќи како Голем судски совет, во состав:
Jean-Paul Costa, Претседател,
Christos Rozakis,
Françoise Tulkens,
Ireneu Cabral Barreto,
Boštjan M. Zupančič,
Nina Vajić,
Elisabeth Steiner,
Alvina Gyulumyan,
Renate Jaeger,
David Thór Björgvinsson,
Ineta Ziemele,
Isabelle Berro-Lefèvre,
Ledi Bianku,
Nona Tsotsoria,
Zdravka Kalaydjieva,
Işıl Karakaş,
Guido Raimondi, судии,
и Vincent Berger, Јурисконсулт,
Расправајќи на затворени седници на 29 септември 2010 и 16 февруари 2011,
Ја донесува следната пресуда, која беше усвоена на второспоменатата дата:
ПОСТАПКА
1. Слуајот беше инициран со жалба (бр. 23458/02) против Република Италија поднесена пред Судот според член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од тројца италијански државјани, г-н Giuliano Giuliani, г-ѓа Adelaide Gaggio (презиме од брак Giuliani) и г-ѓа Elena Giuliani („жалителите“), на 18 јуни 2002.
2. Жалителите беа застапувани од г-н N. Paoletti и г-н G. Pisapia, адвокати од Рим. Италијанската Влада („Владата“) беше застапувана од нејзиниот Агент, г-ѓа E. Spatafora, и од нејзиниот Ко-агент, г-н N. Lettieri.
3. Жалителите се жалеа за смртта на нивниот син и брат, Carlo Giuliani, за која тие сметаат дека била предизвикана од прекумерна употреба на сила. Тие понатаму тврдеа дека тужената држава не ги имала преземено сите неопходни законски, административни и регулаторни мерки за да се намалат колку што е можно повеќе неповолните последици од употребата на сила, дека организацијата и планирањето на полициските акции не биле спојливи со обврската да се заштити животот и дека истрагата за околностите на смртта на членот на нивното семејство не била ефикасна.
4. Жалбата беше распределена на Четвртиот оддел на Судот (правило 52 § 1 од Правилникот на Судот). На 6 февруари 2007, после расправа за допуштеноста и основаноста (правило 54 § 3), жалбата беше прогласена за допуштена од страна на Судски совет составен од следните судии: Сер Nicolas Bratza, Josep Casadevall, Giovanni Bonello, Kristaq Traja, Vladimiro Zagrebelsky, Stanislav Pavlovschi и Lech Garlicki, како и Lawrence Early, Секретар на оддел.
5. На 25 август 2009 Судски совет од тој оддел, составен од следните судии: Сер Nicolas Bratza, Josep Casadevall, Lech Garlicki, Giovanni Bonello, Vladimiro Zagrebelsky, Ljiljana Mijović и Ján Šikuta, како и Lawrence Early, Секретар на оддел, донесе пресуда во која одлучи на следниот начин: едногласно, дека немало повреда на член 2 од Конвенцијата во неговиот материјален аспект во однос на позитивната обврска да се заштити животот, со четири гласа против три, дека имало повреда на член 2 од Конвенцијата во неговиот процедурален аспект; едногласно, дека не били потребно да се разгледа случајот по членовите 3, 6 и 13 од Конвенцијата; и едногласно, дека немало повреда на член 38 од Конвенцијата. Судот исто така доделил, во однос на нематеријална штета, 15,000 евра (EUR) на секој од жалителите Giuliano Giuliani и Adelaide Gaggio и EUR 10,000 на жалителката Elena Giuliani.
6. На 24 ноември 2009 Владата и жалителите побараа, во согласност со член 43 од Конвенцијата и правило 73 од Правилникот на Судот, случајот да биде доставен на разгледување пред Големиот судски совет. На 1 март 2010 панел на судии од Големиот судски совет ги одобри барањата.
7. Составот на Големиот судски совет беше определен според одредбите на член 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и правило 24 од Правилникот на Судот.
8. И жалителите и Владата доставија дополнителни писмени опсервации (шравило 59 § 1).
9. На 27 септември 2010 судиите и судии за замена именувани да одлучуваат во овој случај ги гледаа ЦД-ромови доставени од странките на 28 јуни и 9 јули 2010 (види параграф 139 подолу).
10. Јавна расправа се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 29 септември 2010 (правило 59 § 3).
Пред Судот пристапија:
(a) за Владата
г-нN. Lettieri, Ко-Агент,
г-ѓаP. Accardo, Ко-Агент,
г-нG. Albenzio, Avvocato dello Stato;
(б) за жалителите
г-нN. Paoletti,
г-ѓаG. Paoletti,
г-ѓаN. Paoletti,Адвокати,
г-ѓаC. Sartori, Асистент.
Судот ги сослуша нивните обраќања.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
11. Жалителите се родени во 1938, 1944 и 1972 соодветно и живеат во Милано и Џенова. Тие се таткото, мајката и сестрата на Carlo Giuliani, кој беше застрелан и убиен во текот на демонстрациите на маргините на Г8 самитот во Џенова во јули 2011.
A. Позадина на Г8 самитот во Џенова и настаните кои и претходеле на смртта на Carlo Giuliani
12. На 19, 20 и 21 јули 2001 Г8 самитот беше одржан во Џенова. Бројни „анти-глобализациски“ демонстрации се одржувале во градот и значителни безбедносни мерки биле воведени од италијанските власти. Со член 4(1) од Законот бр. 149 од 8 јуни 2000, префектот на Џенова бил овластен да распореди воен персонал за да ја осигура јавната безбедност во врска со самитот. Понатаму, делот од градот каде се состанувала Г8 (исторскиот центар на градот) бил означен како „црвена зона“ и бил ограден со метални огради. Како последица, само на локалните жители и лицата кои работеле во околината им бил дозволен пристап. Пристапот до пристаништето бил забранет а аеродромот бил затворен за сообраќај. Црвената зона се наоѓала во жолтата зона, која од своја страна бил обиколена од бела (нормална) зона.
13. Службените инструкции од 19 јули 2001 биле издадени од службеникот кој раководел со полициските служби на денот пред смртта на Carlo Giuliani. Тие ги резимираат приоритетите на полициските служби на следниот начин: востановување на одбранбена линија во рамките на црвената зона, со задача на брзо сузбивање на секој напад да се навлезе во таа зона; востановување на одбранбена линија во рамките на жолтата зона за справување со какви било инциденти, земајќи ја во предивд положбата на демонстрантите на различни локации и дејствијата извршени од страна на поекстремни групи; воведување на мерки за јавен ред на улиците на кои има демонстрации, имајќи го на ум ризикот од насилство потпомогнат од присуството на толпи на луѓе.
14. Странките се согласија во однос на фактот дека инструкциите за служба од 19 јули 2001 ги измениле плановите дотогаш утврдени за распоредување на средства и ресурси, со цел да се овозможи на полициските служби да се справат ефикасно со секој напад за влегување во црвената зона од страна учесници во демонстрациите Tute Bianche („Бели костими“) кои биле најавени и одобрени за следниот ден.
15. Жалителите тврдеа дека службените инструкции од 19 јули им дале на единица на карабињери [carabinieri] вмешани во смртта на Carlo Giuliani динамична улога, иако претходно таа требала да остане на едно место. Владата изјави дека службените инструкции им биле соопштени усно на полициските службеници на теренот.
16. Радио-комуникациски систем бил воведен, со просторија за контрола на операциите лоцирана во седиштето на полиција во Џенова (questura), која имала радио врска со на полициските службеници на теренот. Kарабињерите и полициските службеници не можеле меѓусебно да комуницираат преку радио врска, тие можеле само да контактираат со контролната просторија.
17. Утрото на 20 јули некои групи на посебно агресивни демонстранти, носејќи црни маски на главите [т.н.фантомки] („Црниот блок“) предизвикале бројни инциденти и судири со полицајците. Маршот на Tute Bianche требало да започне од Карлини [Carlini] стадионот. Тоа било демонстрација која вклучувала претставници на неколку организации на „Не глобално“ движењето и на центри на заедници, и млади комунисти од партијата Rifondazione comunista. Иако тие верувале во ненасилни протести (граѓанска непослушност), тие најавиле стратешка цел, имено да навлезат во црвената зона. На 19 јули 2001 раководителот на полицските органи во Џенова (questore) забранил маршот на Tute Bianche да влезе во црвената зона или во зоната до неа, и распоредил службеници за спроведување на правото да го спречат маршот на плоштадот Верди [Piazza Verdi]. Последователно, демонстрантите не можеле да маршираат од Карлини стадионот и по должината на улицата Толемаиде до плоштадот Верди, што значи, доволно далеку од вкрстувањето на улицата Толемаиде и корзо Торино каде дошло до судири, како што е опишано подолу.
18. Во околу 13.30 часот маршот започнал и полека се движел кон запад. Околу улицата Толемаиде имало знаци од поранешни нереди. Маршот бил воден од контакт група содадена од политичари и група на новинари кои носеле видео-рекордери и камери. Учесниците на маршот подзабавиле и повеќе пати застанувале. Во околината на улицата Толемаиде имало инциденти во кои биле вклучени лица кои носеле маски и „фантомки“ и службеници за одржување на јавниот ред. Маршот пристигнал од железничкиот тунел на вкрстувањето со корзо Торино. Одненадеж, бил употребен солзавец врз демонстрантите од страна на карабињерите под команда на г-н Mondelli. Карабињерите напредувале, користејќи ги нивните палки. Маршот бил потиснат назад кон исток дури до вкрстувањето со улицата Инвреа.
19. Демонстрантите се поделиле: некои тргнале кон морскиот брег додека други побарале засолниште во улицата Инвреа а потоа во областа околу полоштадот Алимонда. Некои демонстранти одговориле на нападот со фрлање на тврди предмети како што се стаклени шишиња или канти за отпадоци врз полицајците. Оклопни возила кои им припаѓале на карабињерите пристигнале до улицата Казарегис и улицата Инвреа со голема брзина, уривајќи ги барикадите поставени од демонстрантите и принудувајќи ги демонстрантите на местото на настанот да заминат. Во 15.22 часот од контролната просторија му било наредено на г-н Mondelli да се тргне настрана и да им дозволи на учесниците на маршот да поминат.
20. Некои од демонстрантите се одмаздиле со насилство и дошло до судири со полициските служби. Во околу 15.40 часот група на демонстранти нападнале блиндирано комбе на карабињерите и го запалиле.
Б. Смртта на Carlo Giuliani
21. Околу 17 часот била забележана група на демонстранти кои изгледале агресивно од страна на батаљонот Сицилија, составена од околу 50 карабињери стазионираи бликсу до плоштадот Алимонда. Два џипа од марката Дифендер [Defender] биле паркирани во близина. Полицискиот службеник Lauro им наредил на карабињерите да ги избркаат демонстраните. Карабињерите тргнале пеш, следени од двата џипа. Демонстрантите успеале да ги одвратат и карабињерите биле принудени да се повлечат на дезорганизиран начин кон плоштадот Алимонда. На фотографиите направени од хеликоптер во 17.23 часот се гледаат демонстрантите како трчаат по улицата следејќи ги службениците за спроведување на правото.
22. Со оглед на повлекувањето на карабињерите, џиповите се обиделе да се вратат назад од местото на настанот. Едниот успеал да побегне додека на другиот му бил блокиран излез со превртен контејнер. Одненадеж, неколку демонстранти кои имале камења, стапови и железни прачки го заобиколиле. Двете странични и задното стакло биле скршени. Демонстрантите извикувале навреди и закани на лицата во џипот и фрлиле камења и противпожарен апарат врз возилото.
23. Имало тројца карабињери во џипот: Filippo Cavataio (“F.C.”), кој возел, Mario Placanica (“M.P.”) и Dario Raffone (“D.R.”). M.P., кој имал проблеми предизвикани од солзавецот кој тој го фрлил во текот на денот, имал одобрение од капетанот Cappello, командир на единица на карабињери, да влезе во џипот со цел да избегаат од местото на судирите. Свиткан во грбот на задното седиште на џипот, повреден и во паника, тој се штител себеси од едната страна со штит за нереди (според изјавата на демонстрантот кој се презивал Predonzani). Викајќи им на демонстрантите да си одат „или ќе ги убие“, M.P. го извадил својот пиштол Берета од 9 мм, го насочил кон скршеното задно стакло од возилото и, после неколку десетици секунди, испукал два куршуми.
24. Еден од куршумите го погодил Carlo Giuliani, демонстрант кој носел „фантомка“, во лицето под левото око. Тој бил блиску до задниот дел на џипот и само што зел празен противпожарен апарат од земјата и го подигнал горе. Паднал на земја блиску до задното лево тркало на возилото.
25. Многу брзо после тоа, F.C. успеал повторно да го запали моторот и во обид да се придвижи, тргнал наназад, прегазувајќи го телото на Carlo Giuliani. Тој потоа сменал во прва брзина и го прегазил телото по втор пат напуштајќи го местото. Џипот потоа возел кон плоштадот Томазео.
26. После “неколку метри“ водникот-мајор на карабињеите Amatori влегол во џипот и го презел воланот, „затоа што возачот бил во состојба на шок“. Уште еден карабињер кој се викал Rando исто така влегол во џипот.
27. Полициските сили стационирани на другата страна на плоштадот Алимонда интервенирале и ги растерале демонстрантите. Ним им се придружиле неколку карабињери. Во 17.27 часот полициски службеник кој бил присутен на местото се јавил во контролната просторија да побара амбулантно возило. Лекарот кој потоа пристигнал на местото го прогласил Carlo Giuliani за мртов.
28. Според Министерството за внатрешни работи (ministero dell’Interno), било невозможно да се посочи точниот број на карабињери и полициски службеници на местото во моментот на смртта на Carlo Giuliani, имало приближно педесет карабињери, на околу 150 метри од џипот. Понатаму, 200 метри подалеку, во близина на плоштадот Томазео, имало група на полициски службеници.
29. Повикувајќи се, помеѓу останатото, на сведочење дадено од страна на службеници за спроведување на правото во текот на постапка која се водела во исто време („судење на дваесет и петмината“, види параграфи 121-138 подолу), жалителите изјавија посебно дека, додека биле на плоштадот Алимонда, карабињерите можеле да ги извадат маските против солзавец, да јадат и да се одморат. Со оглед на тоа што ситуацијата била „мирна“, капетанот Cappello им наредил на M.P. и D.R. да се качат во еден од двата џипа. Тој сметал дека двајцата карабињери биле ментално исцрпени (“a terra”) и дека повеќе не били физички подготвени за должност. Капело исто така сметал дека M.P. требал да престане да употребува солзавец и му го одзел пиштолот со солзавец и футролата во која имало гранати солзавец.
30. Повикувајќи се на фотографиите направени брзо после фаталниот истрел, жалителите нагласија дека оружјето било држено во надолен агол од хоризонтала. Тие исто така се повикаа на изјавите дадени од страна на поручникот-полковник Truglio (види параграф 43 подолу), кој рекол дека тој бил на околу десет метри од плоштадот Алимонда и триесет до четириесет метри од џипот. Карабињерите (околу стотина) биле на околу десет метри од џипот. Полициските службеници биле на крајот на Виа Кафа, кон плоштадот Томазео. Жалителите тврдеа дека фотографиите во досието од истрагата јасно покажувале дека имало неколку карабињери не многу далеку од џипот.
В. Истрагата од страна на домашните власти
1. Првите мерки во истрагата
31. Испразнат патрон бил најден на неколку метри од телото на Carlo Giuliani. Куршум не бил најден. Противпожарен апарат и камен со траги од крв, помеѓу други предмети, биле најдени до телото и одземени од страна на полицијата. Произлегува од списите дека канцеларијата на јавниот обвинител доверила триесет и шест истражни мерки на полицијата. Џипот во кој М.П. се возел, како и оружјето и неговата опрема, останале во рацете на карабињерите, и биле покасно одземени врс основа на судска наредба. Потрошен патрон бил најден во џипот.
32. Во текот на ноќта на 20 јули 2001 единица на мобилната полиција на Џенова сослушала двајца полициски службеници, г-н Martino и г-н Fiorillo. На 21 јули капетанот Cappello, кој бил одговорен за групата ECHO, ги опишал настаните од претходниот ден и ги дал имињата на карабињерите кои биле во џипот. Тој рекол дека не слушнал истрели, веројатно заради неговата слушалка, неговиот шлем и неговата гас-маска, кои му го отежнувале слушањето.
2. Отворање на истрага за М.П. и Ф.Ц.
33. Ноќта на 20 јули 2001 М.П. и Ф.Ц. биле идентификувани и испрашани во канцеларијата на јавниот обвинител под сомнение за убиство со умисла. Распитите се одржале во седиштата на карабињерите во Џенова.
(a) Првата изјава на М.П.
34. М.П. бил помошен карабињер распределен на батаљонот бр. 12 (Сицилија) и еден од членовите на ECHO групата основана за Г8 самитот. Заедно со четири други групи од ралични региони од Италија, групата бил дел од CCIR, под команда на поручник-полковникот Truglio. Групата ECHO била под команда на капетан Capello, неговите заменици Mirante и Zappia, и била раководена и координирана од г-н Lauro, виш службеник (vice questore) на полицијата во Рим. Секоај од шетте групи била подлена на одреди од педесет луѓе. Генерален командир на групите бил полковникот Leso.
35. М.П. кој е роден на 13 август 1980 и почнал да служи како карабињер на 16 септември 2000, имал дваесет години и единаесет месеци во релевантниот период. Тој бил обучен за користење на гранати и бил распореден за да употреби солзавец. Тој изјавил дека во текот на операциите за јавен ред тој требало да се движи пеш со неговиот одред. Откако употребил неколку гранати солзавец, тој почувстувал горење во неговото око и на лицето и побарал од Кашетанот Capello дозвола за да се качи во џип. Брзо после тоа уште еден карабињер (Д.Р.), кој бил повреден, му се придружил.
36. М.П. рекол дека тој бил многу исплашен заради сѐ што гледал дека се фрла тој ден, и посебно се плашел дека демонстрантите ќе фрлаат Молотови коктели. Тој објаснил дека тој почнал повеќе да се плаши откако бил повреден во ногата со метален предмет и во главата со камен. Нему му станало јасно дека џипот бил нападнат затоа што биле фрлани камења и „стотици демонстранти го опколувале џипот“, иако тој дополнил дека „во моментот кога [тој] ги испукал истрелите, немало никого на видик“. Тој рекол дека бил „обземен со паника“. Во еден момент тој сфатил дека во неговата рака го држи пиштолот, со раката во која било оружјето го пробил задното стакло и, после околу една минута, испукал два истрели. Тој тврдел дека не го забележал Carlo Giuliani позади џипот ниту пред ниту после пукањето.
(б) Изјавата на . F.C.
37. F.C., возачот на џипот, бил роден на 3 септември 1977 и служел како карабињер дваесет и два месеци. Во релевантниот период тој имал дваесет и три години и три месеци. Тој изјавил дека бил во во близина на плоштадот Алимонда и дека се обидел да се врати назад на плоштадот затоа што одредот бил потиснат назад од страна на демонстранти. Сепак, увидел дека неговиот пат бил блокиран од контејнер и неговиот мотор запрел. Тој се концентрирал на обиди да го придвижи џипот додека неговите колеги во возилото викале. Како последица, тој не ги слушнал истрелите. На крај, тој изјавил: „Јас не забележав никого на земјата затоа што носев маска, која делумно ми го блокираше погледот ... и исто така затоа што е многу тешко добро да се гледа надвор од страните на возилото. Возев наназад и не почувствував никаков отпор, всушност, почувствував дека левото тркало се тресе и помислив дека мора да е куп на отпадоци, затоа што контејнерот беше превртен. Единствената мисла која ја имав беше како да се побегне од тој неред.“
в) Изјавата на D.R.
38. D.R., бил роден на 25 јануари 1982, извршувал воена служба од 16 март 1982. Во релевантниот период тој имал деветнаесет години и шест месеци. Тој изјавил дека бил удрен по лицето и грбот со камења фрлени од демонстрантите и почнал да крвави. Тој се обидел да се заштити себеси покривајќи го лицето, а пак M.P. се обидел да го одбрани со неговото тело. Од тој момент, тој повеќе не можел ништо да види, но, можел да го слушне викањето и звукот на удари и предмети кои влегувале во џипот. Тој го слушнал M.P. како им вика на напаѓачите да престанат и да си одат, и потоа чул два истрели.
(г) Втората изјава на M.P.
39. На 11 септември 2001 M.P., при испрашувањето од јавниот обвинител, ја потврдил неговата изјава од 20 јули 2001, додавајќи дека им викал на демонстрантите: „Одете си или ќе ве убијам!“.
3. Останати изјави дадени во текот на истрагата
(а) Изјави на други карабињери
40. Мајорот Amatori, кој бил во другиот џип на плоштадот Алимонда, рекол дека тој забележал дека на џипот во кој бил M.P. му бил блокиран патот со контејнер и дека бил опколен од голем број на демонстранти, „сигурно повеќе од дваесет“. Тие фрлале предмети кон џипот. Попрецизно, тој видел како еден демонстрант фрла противпожарен апарат кон задното стакло на возилото. Тој слушнал истрел и го видел Carlo Giuliani како паѓа долу. Штом џипот успеал да го напушти плоштадот Алимонда, тој отишол кон него и видел како возачот излегува и, видно потресен, барал помош. Мајорот го презел возачкото седиште и, забележувајќи дека M.P. има пиштол во раката, му наредил да ја закочи кочницата на пиштолот. Тој веднаш помислил дека тоа било оружјето од кое биле испукани истрелите, но, не му рекол ништо на M.P., кој бил повреден и крвавел од главата. Возачот му кажал дека тој чул истрели додека маневрирал си џипот. На мајорото не му било дадено никакво објаснување за околностите на одлуката да се пука и тој не поставил прашања на таа тема.
41. Карабињерот Rando отишол до џипот пеш. Тој рекол дека видел
дека пиштолот бил репетиран и го прашал M.P. дали пукал. M.P. рекол дека пукал, без да прецизира дали пукал во воздух или кон некој конкретен демонстрант. M.P. повторувал: „Тие сакаат да ме убијат, не сакам да умрам“.
42. На 11 септември 2001 јавниот обвинител го сослушал капетанот Cappello, командир на групата ECHO (види параграф 34 погоре). Капетанот Cappello изјавил тој му дал одобрение на M.P. да се качи во џипот и го зел неговиот пиштол со солзавец затоа што M.P. чувствувал потешкотии. Тој покасно изјавил (на судењето на „дваесет и петмината“, расправа од 20 септември 2005) дека M.P. не бил физички способен да продолжи како последица на неговата ментална состојба и нервна напнатост. Капетанот Cappello тргнал со неговите луѓе – педесет на број – кон аголот на плоштадот Алимонда и улицата Кафа. Полицискиот службеник Lauro побарал од него да продолжат по улицата Кафа во насоката на улицата Толемаиде за да им помогнат на луѓето кои таму биле зафатени обидувајќи се ги одвратат демонстрантите. Тој рекол дека тој бил збунет од барањето, со оглед на бројот на луѓе со него и нивниот умор, но сепак ги стационирал на улицата Кафа. Карабињерите биле принудени да се вратат назад од страна на демонстрантите кои доаѓале од улицата Толемаиде; тие најпрво се повлекле организирано, а потоа во неред. Г-н Cappello не сфатил дека, кога карабињерите се повлекле, дека биле следени од два џипа, затоа што немало „оперативна причина“ возилата да бидат таму. Демонстрантите се разотишле само кога интервенирале единиците на мобилна полиција стационирани на другата страна на плоштадот Алимонда. Дури тогаш тој забележал маж со „фантомка“ како лежи на земјата, по сѐ изгледа тешко повреден. Некои од неговите луѓе носеле шлемови со видео-камери што требало да овозможи да се разјасни развојот на настаните; видео снимките му биле предадени на полковникот Leso.
43. Потполковникот Truglio, надредениот на капетанот Cappello, рекол дека тој застанал на околу десет метри од плоштадот Алимонда и триесет до четириесет метри од џипот, и видел како џипот прегазува тело кое било на земјата.
(б) Изјавата на полицискиот службеник Lauro
44. На 21 декември 2001 г-н Lauro сведочел пред јавниот обвинител. Тој изјавил дека тој дознал за измените во службените инструкции утрото на 20 јули 2001. На рочиштето од 26 април 2005 во текот на „судењето на дваесет и петмината“, тој изјавил дека тој бил информиран на 19 јули 2001 дека не бил одобрен марш за следниот ден. На 20 јули тој сѐуште не знаел дека одобрен марш требало да се одржи. Во текот на денот тој отишол на плоштадот Toмазео, каде се одвивале судири со демонстрантите. Во 15.30 часот, додека ситуацијата била мирна, потполковникот Truglio и двата џипа се придружиле на контингентот. Помеѓу 16 часот и 16 часот и 45 минути контингентот се вклучил во судирите на корзо Торино. Потоа пристигнал во близина на плоштадот Toмазео и плоштадот Алимонда. Потполковникот Truglio и двата џипа се вратиле и контингентот се преорганизирал. Г-н Lauro забележал група на демонстранти на крајот на улицата Кафа кои направиле барикада користејќи контејнери со тркала и напредувале кон службениците за спроведување на правото. Тој го прашал капетанот Cappello дали неговите луѓе биле во состојба да се справат со ситуацијата а тој одговорил потврдно. Г-н Lauro и контингентот затоа зазеле позиции блиску до улицата Кафа. Тој добил наредба за повлекување и зел учество во дезорганизираното повлекување на контигентот.
(в) Други изјави дадени пред јавниот обвинител
45. Некои демонстранти кои биле присутни во времето на настаните исто така дале изјави пред јавниот обвинител. Некои од нив рекле дека тие биле многу блиску до џипот и дека и тие самите фрлале камења и удирале по џипот со стапови и други предмети. Според еден демонстрант, M.P. врискал: „Копилиња, ќе ве убијам сите“. Друг демонстрант забележал дека карабињерот во џипот го имал извадено пиштолот, демонстрантот тогаш им довикнал на неговите пријатели да внимаваат и се тргнал настрана. Друг демонстрант рекол дека M.P. се штител себеси од една страна со штит за нереди.
46. Некои поединци кои биле сведоци на настаните од прозорците на нивните домови рекле дека тие виделе демонстратор како зема противпожарен апарат и го подигнува нагоре. Тие слушнале два истрела и виделе демонстрант како паѓа на земјата.
4. Аудио-визуелен материјал
47. Канцеларијата на јавниот обвинител им наредила на агенциите за спроведување на правото да му го предадат сиот аудио-визуелен материјал кој би можел да помогне во реконструирање на настаните на плоштадот Алимонда. Биле направени фотографии и видео-снимки од снимателски екипи, камери од хеликоптер и минијатурни видео камери на шлемовите на некои од службениците. Фотографии направени од приватни лица исто така биле достапни.
5. Анализи од судска медицина
(a) Аутопсија
48. Во рок од дваесет и четири часа канцеларијата на јавниот обвинител наредила аутопсија за да се утврди причината за смртта на Carlo Giuliani. На 21 јули 2001 во 12.10 часот известување за аутопсијата – во кое се прецизирало дека оштетаната страна можела да назначи вештак и адвокат – му било доставено на првиот жалител, таткото на Carlo Giuliani. Во 15.15 часот на г-н Canale и г-н Salvi, вештаците именувани од страна на обвинителните органи, им биле дадени службените списи и се започнало со аутопсијата. Жалителите не испратиле ниту еден преставник или нивен вештак.
49. Вештаците побарале од канцеларијата на јавниот обвинител да им даде шеесет дена за да го подготват нивниот извештај. Нивното барање било одобрено. На 23 јули 2001 канцеларијата на јавниот обвинител ја одобриле кремацијата на телото на Carlo Giuliani по желба на семејството.
50. Извештајот на вештаците биле доставен на 6 ноември 2001. Во него било заклучено дека Carlo Giuliani бил погоден под левото око од куршум кој поминал низ черепот и излегол од задниот дел на черепот на лево. Траекторијата на куршумот била како што следува: бил испукан од оддалеченост поголема од педесет сантиметри и се движел од напред кон назад, од десно кон лево и во надолна насока. Carlo Giuliani бил висок 1 метар и 65 сантиметри. Лицето кое ко испукало куршумот било свртено кон жртвата и малку надесно од него. Според вештаците, повредата од куршумот во главата резултирала со смрт во рок од неколку минути, прегазувањето од страна на џипот предизвикало само незначителни помали повреди на органи во градниот кош и стомакот.
(б) Лекарски прегледи од страна на вештаците врз M.P. и D.R.
51. Откако го напуштиле плоштадот Алимонда тројцата карабињери кои биле во џипот отишле во одделелнието за повреда во болницата во Џенова. M.P. се жалел на распространтеа повреда на неговата десна нога и повреда на черепот со отворени рани, и спротивно на советот на лекарите, кои сакале да го примат, M.P. потпишал отпуст и ја напуптил болницата во околу 21.30 часот. Тој имал повреда на черепот која, тој изјавил, била предизвикана од удар по главата со тап инструмент додека тој бил во џипот.
52. D.R. дошол со повреди и абразии на носот и десната јагодица и повреди на левото рамо и левото стопало. F.C. имал пост-трауматско психичко пореметување и се очекувало дека ќе закрепне за петнаесет дена.
53. Лекарски прегледи биле извршени за да се утврди видот на повредите и нивната поврзаност со нападот врз лицата кои биле во џипот. Било заклучено во извештаите дека повредите кои им биле нанесени на M.P. и D.R. не биле опасни по живот. Повредите на главата на M.P. можеле да бидат предизвикани од камен фрлен кон него, но, не можело да се утврди причината за останатите повреди. Повредата на лицето на D.R. можела да е предизвикна од камен фрлен кон него, а неговата повреда на рамото од удар со дрвена штица.
(в) Балистичките испитувања по наредба на канцеларијата на јавниот обвинител
(i) Првата серија на исптитувања
54. На 4 септември 2001 канцеларијата на јавниот обвинител му наредила на г-н Cantarella да утврди дали двата потрошени патрони најдени на местото на настанот (еден во џипот а другиот на неколку метри од телото на Carlo Giuliani – види параграф 31 погоре) потекнувале од истото оружје, и посебно дали потекнувале од оружјето на M.P. Во неговиот наод од 5 декември 2001 вештакот заклучил дека имало веројатност од 90% дека патронот најден во џипот потекнувал од пиштолот на M.P., додека пак дека имало веројатност од 10% дека патронот најден во близина на телото на Carlo Giuliani потекнал од истото оружје. Според член 392 од Законикот за кривична постапка („ЗКП“), овие испитувања се спроведувале еднострано, што значи, без оштетаната страна да има можност да учествува.
(ii) Втората серија на исптивања
55. Канцеларијата на јавниот обвинител именувла втор вештак, полицискиот инспектор Manetto. Тој, во наод доставен на 15 јануари 2002, изјавил дека имало 60% веројатност дека патронот блиску до телото на жртвата потекнал од оружјето на M.P.. Тој заклучил дека двата патрони потекнале од пиштолот на M.P., и ја проценил оддалеченоста помеѓу M.P. и Carlo Giuliani помеѓу 110 и 100 сантиметри. Испитувањата биле спроведени еднострано.
(iii) Третата серија на испитувања
56. На 12 февруари 2002 канцеларијата на јавниот обвинител им наредила на комисијата на вештаци (составена од г-н Balossino, г-н Benedetti, г-н Romanini и г-н Torre) „да ги реконструираат, дури и виртуелно, дејствијата на M.P. и Carlo Giuliani во моментите непосредно пред и откако куршумот го погодил телото на жртвата“. Посебно, од вешатците било побарано да „ја утврдат оддалеченоста помеѓу M.P. и Carlo Giuliani, аголот на гледање на секој од нив, аголот на гледање на M.P. од внатрешноста на џипот во моментот кога била испукани истрелите“. Произлегува од списите дека г-н Romanini објавил статија во септември 2001 во стручниот часопис (TAC Armi), во кој тој го изразил мислењето, помеѓу останатото, дека дејствијата на M.P. претставувале „јасна и потполно оправдана одбранбена реакција“.
57. Застапниците и вештаците именувани од жалителите присуствувале на испитувањата на комисијата на вештаци. Адвокатот на жалителите, г-н Vinci, изјавил дека тој не сака да поднесе барање за итно изведување на докази (incidente probatorio). Член 392 §§ 1 (ѓ) и 2 од ЗКП му дозволувале на јавниот обвинител и обвинетото лице, помеѓу останатото, да побараат од истражниот судија (giudice per le indagini preliminari) да нареди форензичко испитување кога тоа се однесува на лице, предмет или место кое е предмет на неизбежни промени или кога, ако биде одредено во текот на судењето, испитувањето за кое станува збор можело да повлече прекинување на постапката за период подолг од шеесет дена. Според член 394 од ЗКП оштетената страна може да побара јавниот обвинител да побара итно изведување на докази. Ако јавниот обвинител го одбие предлогот, тој или таа мора да донесе одлука во која наведува причини за тоа и која мора да ја достави на оштетената страна.
58. Увид на местото бил извршен на 2- април 2002. Траги од ударот на истрелот биле најдени на ѕид на зграда на плоштадот Алимонда на висина од околу пет метри.
59. На 10 јуни 2002 вештаците го доставиле нивниот извештај. Вештаците изјавиле на почетoкот дека фактот дека тие не можеле да го прегледаат телото на Carlo Giuliani (затоа што тоа било кремирано) бил важна пречка која ги попречила да изработат исцрпен наод, затоа што не можеле повторно да испитаат делови од телото и да бараат микро-траги. Врз основа на „достапниот материјал кој бил мал“ вештаците се обиделе да утврдат најпрво каков бил ударот на куршумот врз телото на Carlo Giuliani, наведувајќи ги следните согледувања.
60. Повредите на черепот били многу сериозни и резултирале со смрт „во краток временски период“. Целиот куршум не излегол од главата на Carlo Giuliani, наодот (referto radiologico) од целосното скенирање на телото извршено пред аутопсијата се повикувал на „подкожен дел, наверојатно од метал“ над коските на оксипиталната регија. Тоа парче на непровиден метал изгледало како дел од чаура. Изгледот на влезната рана на лицето не доведувал до недвосмислено толкување; нејзината неправилна форма главно била објаснета од видот на ткиво на делот на телото погоден од куршумот. Сепак, едно можно објаснување било дека куршумот не го погодил Carlo Giuliani директно, туку дека удрило во близок предмет која би можел да го искриви и забави пред да стигне до телото на жртвата. Таа хипотеза би ги објаснила малите димензии на излезната рана и фактот што куршумот се распаднал во главата на Carlo Giuliani.
61. Вештаците навеле дека нашле мал дел од олово, веројатно од куршумот, кој паднал од „фантомката“ на Carlo Giuliani кога се вршело испитувањето; било невозможно да се утврди дали делот дошол од предниот, од страните или задниот дел на „фантомката“. На него имало траги од материја која не била дел од куршумот како таков, туку потекнувала од материјал кој се користи во градежната индустрија. Понатаму, микро-делови на олово биле најдени на предниот и задниот дел на „фантомката“, потврдувајќи ја хипотезата дека куршумот изгубил дел од чаурата во моментот на ударот. Според вештаците, не било возможно да се утврди видот на „посреден предмет” веројатно погоден од куршумот, сепак, тие ја исклучиле можноста дека тоа бил противпожарниот апарат кој Carlo Giuliani го држел во својата подигната рака. Оддалеченоста од која истрелот бил испукан била помеѓу 50-100 сантиметри.
62. За да се реконструираат настаните врз основа на „теоријата за посреден предмет“, вештаците тогаш направиле неколку пробни истрели и спровеле видео и компјутерски симулации. Тие заклучиле дека не било возможно да се утврди траекторијата на куршумот затоа што таа несомнено била променета како последица на судирот. Врз основа на видео-снимките на кои се гледа камен како се распаѓа во воздухот и истрелот кој може да биде слушнат на аудио-снимката, вештаците заклучиле дека каменот се скршил веднаш откако истрелот бил испукан. Компјутерска симулација го прикажувала куршумот, испукан нагоре, како го погодува Carlo Giuliani после судир со каменот во прашање, фрлен кон џипот од друг демонстрант. Вештаците ја процениле оддалеченоста помеѓу Carlo Giuliani и џипот на приближно 1 метар и 75 сантиметри и дека M.P. можел да го види Carlo Giuliani во моментот кога истрелот бил испукан.
6. Истрагата на жалителите
63. Жалителите поднесел изјава дадеа на нивниот адвокат од J.M., еден од демонстрантите, на 19 февруари 2002. J.M. изјавил посебно дека Carlo Giuliani сѐуште бил жив откако џипот го прегазил неговот тело. Жалителите исто така доставиле изјава од карабињер (V.M.), кој пријавил распространета пракса помеѓу службениците за спроведување на правото, на обработка на куршуми од видот употребен од страна на M.P. со цел да се зголеми нивната способност да се прошират и оттука и да се распрснуваат.
64. На крај, жалителите доставиле два наоди подготвени од вештаците кои тие самите ги избрале. Според еден од вештаците, г-н Gentile, куршумот веќе бил фрагментиран кога ја погодил жртвата. Фактот што тој се распаднал можел да бидат објаснет со фабричка грешка или со негова обработка со цел да биде поголема веројатноста дека тој ќе се распрсне. Според вештакот, сепак, тие две сценарија се случувале ретко и затоа биле помалу веројатни од сценариото изнесено од страна на вештаците на органите на обвинителството (имено дека куршумот се судрил со посредниот предмет).
65. Другите вештаци назначени од жалителите за да ги реконструираат настаните заклучиле дека поверојатно било каменот да се скршил при удар со џипот отколку со куршумот испукан од M.P.. Со цел да се реконструираат настаните врз основа на аудио-визуелниот материјал, и посебно на фотографиите, било неопходно да се утврди точната позиција на фотографот, и посебно неговиот или нејзиниот агол на гледање, земајќи го во предвид исто така и видот на опремата кој била употребена. Понатаму, потребно било да се утврди времето на сликите и како се тие поклопувале со звукот. Вештаците на жалителите ја критикувале методата употребена од вештаците на органите на прогонот, кои ја засновале нивната анализа на „видео и компјутерски симулации“ и не ги анализирале достапните снимки прецизно и детално. Методата употребена за пробните истрели исто така била критикувана.
66. Вештаците на жалителите заклучиле дека Carlo Giuliani бил на околу три метри од џипот кога бил испукан истрелот. Иако било неспорно дека фаталниот куршум бил во делови кога ја погодил жртвата, можноста тој да се судрил со каменот кој се гледал на видео-снимката била исклучена. Каменот би го изобличил куршумот поинаку и би оставил поинакви траги на телото на Carlo Giuliani. Дотолку повеќе, M.P. не пукал кон горе.
Г. Предлог за сопирање на постапката и приговорот на жалителите
1. Предлогот за сопирање на постапката
67. При завршувањето на домашната истрага јавниот обвинител од Џенова одлучил да предложи случајот против M.P. и F.C. да биде затворен. Јавниот обвинител прво ги воочил далекусежните промени на организацијата на операциите за јавен ред ноќта на 19 јули 2001 и сметал дека тоа делумно ги објаснувало проблемите кои настанале на 20 јули. Сепак, тој не ги прецизирал промените или проблемите кои настанале.
68. Јавниот обвинител понатаму забележал дека верзијата на настаните на г-н Lauro и верзијата на капетанот Cappello се разликувале во еден конкретна точка: додека првиот тврдел дека одлуката да се позиционира персонал за спроведување на правото на улицата Кафа со цел да се блокираат демонстрантите биле донесени со взаемна согласност, вториот тврдел дека тоа било еднострана одлука на г-н Lauro и покрај ризиците кои ги повлекувала со оглед на што одредот бил мал и фактот што луѓето биле уморни.
69. Вештаците се согласиле за следните прашања: два истрели биле испукани од пиштолот на M.P., првиот од нив го убил Carlo Giuliani, куршумот не се распаднал само како резултат на ударот на жртвата; и фотографијата на која Carlo Giuliani го држи противпожарниот апарат била направена на приближно три метри од џипот.
70. Сепак, тие не се согласиле за следните прашања:
(a) според вештаците на органите на прогонот, Carlo Giuliani се наоѓал на 1 метар и седумдесет и пет сантиметри од џипот кога бил погоден од куршумот (приближно три метри според вештаците на семејството Giuliani);
(б) според вештаците на семејството Giuliani, истрелот бил испукан пред моментот во кој каменот може да се види на видео-снимката, спротивно на ставот на вештаците на органите на прогонот.
71. Со оглед на тоа што странките се согласиле дека куршумот се распаднал пред да ја погоди жртвата, јавниот обвинител заклучил дека тие исто така се согласиле и за причините за распаднувањето на куршумот, и дека жалителите се согласиле со „теоријата за посреден предмет“. Другите можни објаснувања за распаднувањето на куршумот кои биле изнесени од жалителите – како што е обработка на куршумот или фабричка грешка – биле сметани од самите жалители како помалку веројатни. Затоа тие не можеле да се сметаат за валидни објаснувања според јавниот обвинител.
72. Истрагата била долга, посебно како резултат на каснењето на некои од наодите од испитувањата по судска медицина, „површниот карактер“ на извештајот од аутопсијата и грешките направени од еден од вештаците, г-н Cantarella. Сепак, со неа биле одговорени сите релевантни прашања детално и се дошло до заклучок дека хипотезата дека куршумот бил испукан нагоре и потоа одбиен од камен била „најубедлива“. Сепак, имало недоволно докази во списите за да се утврди дали M.P. пукал само со намера демонстрантите да се разотидат или тој свесно ризикувал да повреди или убие еден или повеќе од нив. Имало три можности, и „случајот никогаш не [би] се разрешил со сигурност“.
Можностите биле следните:
– истрелите биле испукани со намера за да се заплашат демонстрантите и затоа имало случај на предизвикување смрт од небрежност;
– M.P. ги испукал истрелите со цел да го запре нападот и го прифатил ризикот да убие некого; тоа би значело дека тоа било случај на убиство со умисла;
– M.P. нишанел кон Carlo Giuliani; што исто така би бил случај на убиство со умисла.
Според ставот на јавниот обвинител, доказите во списите на предметот биле такви да третата можност можела да биде исклучена.
73. Јавниот обвинител понатаму сметал дека фактот што куршумот се судрил со каменот не значел дека била прекината причинската врска помеѓу дејствијата на M.P. и смртта на Carlo Giuliani. Со оглед на тоа што таа врска останувала, прашањето било дали M.P. дејствувал во нужна одбрана.
74. Докажано било дека физичкиот интегритет на лицата во џипот бил загрозен и дека M.P. „одговорил“ соочен со опасност. Тој одговор требало да биде испитан во смисла и на неговата неопходност и пропорционалност, „од кои, вториот аспект бил поделикатен“.
75. Јавниот обвинител сметал дека M.P. немал друга опција и не можело да се очекува да постапи поинаку, со оглед на тоа што „џипот бил опколен со демонстранти [и] физичката агресија против лицата во него била очигледна и голема“. M.P. оправдано сметал дека неговиот живот бил во опасност. Пиштолот бил средство со кое можел да биде запрен нападот, и M.P. не можел да биде критикуван за опремата која му била дадена. Од него не можело да се очекува да се воздржи од употреба на оружјето и да се предаде на нападот кој можел да го загрози неговиот физички интегритет. Овие согледувања ја оправдувале одлуката случајот да биде затворен.
2. Приговорот на жалителите
76. На 10 декември 2002 жалителите изјавиле приговор против предлогот на јавниот обвинител да се сопре постапката. Тие тврделе дека, со оглед на тоа што самите органи на обвинителството признале дека истрагата била со пропусти и отворала прашања кои не биле одговорени со сигурност, контрадикотрна постапка била од суштинско значење со цел да се стигне до вистината. Според нив, невозможно било да се тврди истовремено дека M.P. пукал во воздух и дека тој делувал во нужна одбрана, посебно со оглед на тоа што тој рекол дека не можел да го види Carlo Giuliani кога ги испукал истрелите.
77. Жалителите понатаму забележале дека теоријата за посреден предмет, која тие ја оспорувале, била изнесена една година после настаните и била заснована на чиста претпоставка која не била поткрепена со објективни докази. Постоеле други можни објаснувања.
78. Жалителите исто така забележале дека, според доказите во списите, Carlo Giuliani бил сѐуште жив откако џипот го прегазил. Тие нагласиле дека извештајот од аутопсијата, во кој било заклучено дека незначителни повреди биле предивикани од прегазувањето на џипот, бил опишан од јавниот обвинител како површен; тие исто така ја критикувале одлуката да се доверат повеќе истражни мерки на карабињерите.
79. Следувало дека M.P. и F.C. требало да бидат изведени пред суд. Како алтернатива, жалителите побарале понатамошни истражни дејствија да бидат преземени, посебно:
(a) да се подготви форензички наод со цел да утврдат причините и времето на смртта на Carlo Giuliani, со цел да се утврди посебно дали тој бил сѐуѐше жив кога џипот го прегазил, и потоа;
(б) да се сослуша началникот на полицијата, г-н De Gennaro, и карабињерот Zappia, за да се утврди какви инструкции биле дадени во однос на носењето на оружје во футрола;
(в) да се идентификува и најде лицето кое го фрлило каменот од кој наводно се одбил куршумот;
(г) повторно да се сослушаат демонстрантите кои веќе биле сослушани;
(д) да се сослуша карабињерот V.M., кој ја пријавил праксата на сечење на врвовите на куршумите (види параграф 63 погоре);
(ѓ) форензички испитувања да се спроведат на испразнетите патрони и на оружјата на сета полиција и карабињерите кои биле на плоштадот Алимонда во времето на настаните.
3. Расправата пред истражен судија
80. Расправата пред истражниот судија се одржала на 17 април 2003. Жалителите останале на нивниот аргумент дека фаталниот куршум не бил прво одбиен туку дека директно ја погодил жртвата. Сепак, тие се согласиле дека немало докази дека M.P. го обработил куршумот за да го засили неговиот удар; тоа било само една теорија.
81. Претставникот на канцеларијата на јавниот обвинител рекол дека тој имал впечаток дека „некои некои прашања за кои тој верувал дека биле предмет на согласност, всушност не биле; напротив, имало несогласување на мислењата“. Тој посочил дека вештакот на жалителте, г-н Gentile, се согласувал за фактот дека куршумот бил оштетен пред да го погоди Carlo Giuliani. Понатаму, г-н Gentile прифатил дека една од можните причини за штетата била судир со некој предмет или на внатрешен дефект на куршумот, а дека втората причина била помалку веројатна од првата.
Д. Одлуката на истражниот судија
82. Со одлука поднесена до секретаријатот на 5 мај 2003, истражниот судија од Џенова го одобрил предлогот на јавниот обвинител за сопирање на постапката.
1. Утврдување на фактите
83. Истражниот судија се повикала на анонимен приказ на настаните објавен од француско физичко лице на анархистичка веб-страница (), за кој таа сметала дека се согласувал со аудио-визуелниот материјал и со изјавите на сведоците. Приказот ја опишувал ситуацијата на плоштадот Алимонда и нападот на демонстрантите против карабињерите. Нападот бил раководен од демонстранти кои фрлале сѐ што им дошло при рака, следени од други кои носеле контејнери и корпи за отпадоци за да ги употребат како подвижни барикади. Атмосферата на плоштадот била опишана како „френетична“, службите за спроведување на правото биле нападнати од толпа која напредувала, фрлајќи проектили и веднаш собирајќи нови. Карабињерите, од своја страна, употребувале солзавец, но контингентот бил наскоро принуден да се повлече кон плоштадот Алимонда каде еден од двата џипа кои ги придружувале бил заглавен и опколен со демонстранти. Тие, фрлајќи железни прачки и други предмети, почнале да го удираат џипот, и задното стакло било наскоро распарчени. Авторот на приказот на настаните чул два истрели и можел да ја види раката на едниот од карабињерите во џипот како држи пиштол. Кога џипот заминал и бучавата се намалила, тој видел млад човек со тешки повреди на главата како лежи на земјата. Авторот исто така ја опишал лутината на некои демонстранти кога чуле дека некој демонстрант починал.
84. Истражниот судија забележала дека описот на анонимниот демонстрант одговарал на заклучоците од истрагата според кои, околу 17 часот, група на демонстранти се собрале на улицата Кафа на вкрстувањето со улицата Толеамиде, поставувајќи барикади со користење на корпи за отпадоци, колички од супермаркети и други предмети. Од зад барикадите групата почнала да дофрла голем број на камења и тврди предмети врз контингентот на карабињери кои, првично стационирани на плоштадот Алимонда на аголот со улицата Кафа, почнале да се движат нанапред во обид да ги запрат демонстрантите, чиј број се зголемил во меѓувреме. Два џипа, во едниот од кои возел F.C. а во кој се наоѓале M.P. и D.R., се придружиле кон контигентот на карабињери; сепак, демонстрантите насилно туркале, принудувајќи го контингентот на карабињери да се повлече. Џиповите свртеле назад кон плоштадот Алимонда, каде едниот удрил во контејнер. За само неколку мигoви, демонстрантите го опколиле возилото, удирајќи го со сите достапни средства и фрлајќи камења. Како што аудио-визуелниот материјал во предметот покажува, стаклата на џипот биле скршени од камења, железни прачки и стапови. Несмалениот интензитет на нападот на демонстрантите бил опишан како „импресивен“. Некои камења погодиле припадници на карабињерите во лицето и главата, а еден демонстрант, г-н Monai, забил дрвена штица преку едно од стаклата, како последица на што D.R. се здобил со модринки и гребнатинки на десното рамо.
85. На една од фотографиите се гледал M.P. како го клоца противпожарниот апарат; тоа бил најверојатно металниот предмет кој предизвикал опсежни модринки на неговата нога. На следните фотографии се гледала рака во која имало пиштол над резервното тркало на џипот додека млад човек (Carlo Giuliani) посегнувал кон земјата и го подигнал противпожарниот апарат, најверојатно со намера да го фрли врз задното стакло на џипот. Во тој момент два истрели биле испукани од внатрешноста на џипот и младиот човек паднал на земјата. Џипот два пати го прегазил неговото тело пред да успее да го напушти местото.
86. Сите достапни докази, вклучувајќи ја и изјавата на M.P. од 20 јули 2001 (види параграфи 34-36 погоре), посочувале дека смртта на Carlo Giuliani била предизвикана од еден од истрелите испукани од M.P.. Истражниот судија ја цитирал речиси целата изјава, во која M.P. зборувал за неговата состојба на паника, повредите кои тој и D.R. ги претрпеле и фактот дека во моментот кога тој го насочил пиштолол тој не видел никого и не бил свесен за присуството на напаѓачите заради постојаното фрлање на камења. Таа верзија одговарала на изјавите дадени од D.R. и F.C. како и на тие дадени од други службеници на оружените сили и сведоците. Понатаму, списите од предметот покажувале дека M.P. имал модринки и повреди на неговата десна нога, неговата рака и на горниот дел на черепот; D.R. имал гребнатинки на лиците и модринки на неговото рамо и стапало, додека пак F.C. имал пост-трауматско пореметување кое можело да излечи за петнаесет дена (види параграфи 51-53 погоре).
2. Теоријата за „посреден предмет“
87. Истражниот судија воочила дека доказите во списите покажувале дека првиот куршим испукан од M.P. го убил Carlo Giuliani. Излегувајќи преку оксипиталната коска на черепот, куршумот изгубил дел од својата чаура, како што била покажано од скенот извршен пред аутопсијата. Овој факт, заедно со карактеристиките на влезните и излезните рани, довел до тоа да вештаците на органите на обвинителството формулираат теорија дека куршумот се судрил со некој предмет пред да го погоди Carlo Giuliani. Влезната рана имала неправилна форма а излезната рана била мала, што било случај кога куршумот губел на сила и/или се распаѓал.
88. Куршумот за кој станува збор бил обложен 9 милиметарски парабелум, и затоа бил мноу моќен. Тој факт, заедно со слабата издржливост на ткивото низ кое куршумот поминал, служел за да ја потврди теоријата изнесена од вештаците на органите на обвинителството. Понатаму, „мало парче на олово“, кое одговарало на куршумите испукани од M.P., било најдено на „фантомката“ на жртвата со честички од коски на него. Тоа наговестувало дека куршумот изгубил дел од чаурата пред да ја погоди коската.
89. Симулираните истрели откриле дека посредниот предмет кој го распаднал куршумот не можел да биде ниту противпожарниот апарат кој го носела жртвата ниту една од коските низ кои куршумот поминал; од друга страна, можел да биде еден од многуте камења кои демонстрантите ги фрлале врз џипот. Се чинело дека тоа било потврдено од видео-снимката на која се гледал камен како се распаѓа во воздухот во моментот кога се слушал истрелот. Фактот дека звукот и распаѓањето на предметот се случиле истовремено ја правеле теоријата на жалителите дека каменот се скршил при удар на покривот на џипот помалку убедлива. Понатаму, делот од олово на „фантомката“ на жртвата имал траги од градежни материјали. На крај пробните истрели покажале дека, погодени од куршум предметите направени од градежен материјал „експлодирале“ на сличен начин на тој виден на снимката и предизвикувале штета на чаурата. Пробните истрели покажале дека распаѓањето се случувало поинаку кога таквите предмети биле фрлани кон возило (правот се создавал пред сѐ после, а не истовремено со распаѓањето, и во помали количини).
90. Вториот истрел испукан од M.P. оставил трага на ѕидот на црквата на плоштадот Алимонда (на височина од 5.3 метри). Првиот истрел го погодил Carlo Giuliani. Балистичките испитувања не можеле да ја утврдат вистинската траекторија на тој куршум. Сепак, вештаците назначени од канцеларијата на јавниот обвинител го зеле во предвид фактот дека џипот бил висок 1.9 метри кога била направена снимката. Тие затоа испукале неколку пробни истрели, поставувајќи го оружјето на околу 1,3 метри од каменот подигнат на 1,9 метри од земјата: куршумот бил одбиен кон долу и го погодил „садот за собирање на материјали“ (лоциран на 1.75 метри од оружјето) на височина помеѓу 1.1 и 1.8 метри. Овие податоци се согласувале со изјавите на определени демонстранти кои биле очевидци на настаните, според кои Carlo Giuliani бил на околу 2 метри од џипот кога бил убиен. Вештаците на органите на обвинителството не ги имале овие изјави кога ја извршувале нивната работа.
91. Претходните согледувања сугерирале дека, како што било заклучено од вештаците на органите на обвинителството, истрелот бил испукан нагоре, над Carlo Giuliani, кој бил висок 1.65. Каменот се распаднал на височина од 1.9 метри над тлото.
3. Аголот на гледање на M.P.
92. Аголот на гледање на M.P. бил веројатно ограничен од резервното тркало на џипот. Сепак, тоа било тешко да се утврди затоа што лицето на M.P. не се појавувало на ниту една од фотографиите во списите на предметот, додека пак на нив јасно се гледала неговата рака во која било оружјето. Фотографиите сугерирале, сепак, дека тој бил во полулежечка положба (in posizione semidistesa) или бил клекнат на подот, што било потврдено од изјавите на M.P. како и од тие на D.R. и демонстрантот Predonzani. Тоа водело кон заклучокот дека M.P. не можел да ги види лицата во близина на задната врата на џипот под резервното тркало, и дека ги испукал истрелите во обид да ги заплаши демонстрантите.
4. Правна квалификација на постапките на M.P.
93. Откако ги реконструирала фактите, истражниот судија се фокусирала на правната квалификација на постапките на M.P. Органите на обвинителството дале две хипотези во тој поглед (види параграф 72 подолу): а) дека M.P. пукал колку што било можно повисоко во воздух со единствена цел да ги заплаши напаѓачите на џипот, во кој случај обвинението требало да биде за предизвикување на смрт од небрежност (omicidio colposo); (б) дека M.P. пукал без да нишани кон било кого или било што, со цел да го сопре нападот, во кој случај обвинението требало да биде за убиство со умисла како последица на „безобзирно однесување“, затоа што тој го прифатил ризикот дека демонстрантите можат да бидат погодени.
94. Истражниот судија сметала дека првата хипотеза изнесена од јавниот обвинител не била точна. Ако M.P. пукал толку високо во воздух неговите постапки не биле казниви, врз основа на член 53 од Кривичниот законик („КЗ“), и причинската врска во секој случај била прекината од непредвидлив фактор кој бил вон негова контрола, имено судирот на куршумот со посреден предмет.
95. Ако пак, од друга страна, втората хипотеза изнесена од органите на обвинителството се прифатела, морало да се утврди дали постоеле какви било основи за оправдување (легитимна употреба на оружјата и/или нужна одбрана, според членовите 53 и 52 на КЗ – види параграфи 142-144 погоре) кои би го ослободиле M.P. од кривична одговорност и неговите постапки не би биле казниви.
5. Дали употребата на оружјето од страна на M.P. била легитимна (член 53 од КЗ)
96. Истражниот судија прво се занимавала со прашањето дали употребата на оружјето била неопходна. Според член 53 од КЗ (види параграф 143 подолу), службените лица имале пошироки овластувања отколку обичните поединци во смисла на нужна одбрана; оваа основа за оправдување не била подложна на условот реакцијата да биде пропорционална на заканата, туку на условот на „неопходност“. Дури и за службените лица, употребата на оружје била крајна мерка (extrema ratio); сепак државните агенти не можеле да се сметаат за одговорни за појавата на посериозен настан од тој кој тие го предвиделе, затоа што тој ризик бил инхерентен во употребата на огнено оружје. Генерално, член 53 од КЗ дозволувал употреба на сила кога тоа било неопходно за да се одбие насилство или да се попречи обид на спротивставување на службен орган.
97. M.P. се наоѓал во ситуација на екстремно насилство предвидено за да го наруши јавниот ред и насочено кон карабињерите, чија сигурност била директно загрозена. Во врска со тоа истражниот судија цитирала извадоци од сведочењето на двајца од напаѓачите на џипот (г-н Predonzani и г-н Monai), воочувајќи го уште еднаш насилството на нападот, и се повикала на фотографиите во списите на предметот. Однесувањето на жртвата не било изолиран чин на агресија, тука една фаза од насилен напад врз џипот од страна на повеќе лица, кои го навалувале странично и веројатно се обидувале да ја отворат задната врата.
98. Доказите во списите на предметот ја исклучувале можноста дека M.P. намерно нишанел кон Carlo Giuliani; сепак, дури и ако се претпостави тоа било така, во конкретните околности на случајот неговото однесување би било оправдано според член 53 од КЗ, затоа што било легитимно да пука во насока кон напаѓачите со цел да се спречи напад во исто време обидувајќи се да ја ограничи штетата, преку избегнување на виталните органи. Како заклучок, употребата на огненото оружје била оправдана и веројатно било дека не би предивикала сериозни последици, со оглед на тоа што M.P. „сигурно пукал нагоре“ и дека куршумот го погодил Carlo Giuliani само затоа што бил одбиен на начин кој не можел да биде предвиден.
6. Дали M.P. делувал во нужна одбрана (член 52 од КЗ)
99. Истражниот судија понатаму сметала дека било потребно да се утврди дали M.P. делувал во нужна одбрана, што било „построг“ тест од ослободувањето од одговорност. Таа сметала дека M.P. правилно увидел закана за неговиот физички интегритет и интегритетот на неговите колеги, и дека заканата постоела и понатаму како последица на насилниот напад врз џипот од страна на толпата напаѓачи, а не само од Carlo Giuliani. Со цел да се оцени во неговиот вистински контекст, одговорот на M.P. морал да биде разгледан во однос на нападот. Истражниот судија ја отфрлила хипотезата изнесена од страна на семејството на жртвата дека повредите на главата на M.P. поверојатно биле предизвикани од внатрешната рачка на трепкачкото светло на покривот на џипот отколку од камењата кои ги фрлале демонстрантите.
100. Реакцијата на M.P. биле неопходна со оглед на бројот на напаѓачите, употребените средства, продолжениот карактер на насилството, повредите на карабињерите во џипот и потешкотијата на џипот да го напушти плоштадот затоа што моторот му изгаснал. Реакцијата била соодветна со оглед на степенот на насилство.
101. Ако M.P. не го извадел оружјето и не испукал два истрели, нападот би продолжил. Ако противпожарниот апарат – кој M.P. веќе еднашго клоцнал – паднел во џипот, тој би предизвикал сериозна повреда, или потешки последици, за лицата во возилото. Што се однесува на односот на пропорционалност помеѓу нападот и реакцијата, Касациониот суд одлучил дека инересите кои биле под закана морале се измерат со средствата кои им биле достапни на обвиниетите, и дека тврдење на самодобрана би можело да биде допуштено ако штетата за напаѓачот била малку поголема од штетата за обвинетиот (види Касационен суд, Прв оддел, пресуда бр. 08204 на 13 април 1987, Catania). Понатаму, реакцијата морала да биде единствената можна реакција во околностите во смисла на тоа дека други реакции кои биле помалу штетни за напаѓачот не би биле доволни за спротивставување на нападот (види Касационен суд, Прв оддел, пресуда бр.02554 од 1 декември 1995, P.M. и Vellino). Кога огнено оружје било единственото средство за одбрана достапно на лицето кое е нападнато, неговата употреба требала да биде ограничена на покажувањето на намерата на лицето да го употреби оружјето, пукајќи во воздух или кон тлото или во насока на напаѓачот но, внимавајќи да не се погодат витални органи, за да се нанесе повреда но, не и да се убие (види Касационен суд, пресуда од 20 септември 1982, Tosani).
102. Во конкретниот случај M.P. имало само едно средство за одбивање на нападот: неговото огнено оружје. Тој го употребил пропорционално, затоа што пред да пука тој им довикнал на демонстрантите да си одат, во обид да ги спречи нивните дејствија; тој пукал кон горе а куршумот ја погодил жртвата како последица на трагичен пресврт (per una tragica fatalità). Ако тој сакал да биде сигурен дека ќе ги повреди неговите напаѓачи тој би пукал преку страничните стакла на џипот, до кои биле собрани бројни демонстранти. Следувало дека тој делувал во нужна одбрана. Штом тоа било така, било од мало значење дали M.P. можел само делумно да го види Carlo Giuliani (како што вештаците на жалителите постојано тврделе и вештаците на органите на обвинителството сметале дека било возможно) или дали, што изгледало поверојатно, тој не го видел и пукал толку високо во воздух колку што му дозволувала положбата, прифаќајќи го ризикот дека истрелот би можел некого да погоди.
7. Обвиненијата против F.C.
103. Истражниот судија исто така сметала дека доказите во списите на предметот исклучувале каква било кривична одговорност од страна на F.C., со оглед на тоа што, како што било посочено од вештаците по судска медицина, смртта на Carlo Giuliani несомнено настанала во рок од неколку минути од истрелот од пиштолот. Прегазувањето на џипот преку телото на жртвата предизвикало само модринки. Во секој случај, како последица на измешаната ситуација околу џипот, F.C. не можел да го види Carlo Giuliani или да забележи дека тој паднал на тлото.
8. Одбивање на предлозите на жалителите за понатамошна истрага
104. Истражниот судија ги одбила сите предлози на жалителите да бидат преземени понатамошни истражни дејствија (види параграф 79 погоре). Причините за одбивањето може да бидат резимирани на следниот начин:
(a) во однос на предлогот да се поготви форензички наод со цел да се утврди дали Carlo Giuliani бил сѐуште жив кога џипот го прегазил неговот тело (види параграф 79(а) погоре), веќе направените проверки биле детални; понатаму на оштетените им била дадена можност да назначат вештак по нивен избор, но, тие не ја искористиле таа можност. Понатаму телото на жртвата било кремирано едвај три дена после смртта, на тој начин оневозможувајќи какво било понатамошно испитување;
(б) што се однесува на предлогот началникот на полицијата De Gennaro и вториот подофицер на карабињерите Zappia да бидат испрашани за законитоста на употребата на „футрола за пиштол“ од која M.P. го извадил оружјето (види параграф 79(б) погоре), јасно било дека насоките издадени со цел да се одржи јавниот ред можеле да бидат само од општа природа и не вклучувале инструкции кои се применувале на непредвидливи ситуации на директен напад врз службениците. Понатаму, начинот на кој M.P. го носел пиштолот не бил од важност во конкретниот случај со оглед на тоа дека тој можел легитимно да го употреби оружјето без разлика каде го носел или од каде го извадил;
(в) секој обид да се идентификува лицето кое го фрлило каменот од кој се одбил куршумот бил осуден на неуспех, затоа што било нереално дека демонстрант би ја следел траекторијата на каменот откако го фрлал. Во секој случај, би било невозможно да се идентификува засегнатото лице и неговите или нејзините изјави не би имале влијание врз техничките наоди кои судијата ги поседувал;
(г) не било целисходно понатамошното испрашување на демонстрантите Monai и Predonzani во однос на однесувањето на карабињерите во џипот, бројот на демонстранти во близина на возилото, лицето во џипот кое го искористило оружјето, положбата на Carlo Giuliani или бројот на стакла на џипот кои биле скршени (види параграф 79(г) погоре). Тие сведоци дале изјави брзо после настаните, додека тие биле сѐуште свежи во нивното паметење, изјавите содржеле премногу прецизни детали кои биле потврдени од видео-снимките и фотографиите во списите. На крај, не било релевантно да се утврди колку од стаклата на џипот биле скршени затоа што не било спорно дека некои од стаклата на десната страна биле распарчени;
(д) не било потребно да се сослуша г-н D’Auria, кој требало да потврди дека не биле фрлани Молотови коктели на плоштадот, спротивно на тврдењето на M.P., или да се утврди колку далеку бил г-н D’Auria кога ја направил фотографијата кои вештаците на органите на обвинителството ја употребиле како основа за балистичка реконструкција на настанот. Фотографијата за која станувало збор била само почетна точка за утврдување на положбата на Carlo Giuliani, која била изведена од положбата на лицата во однос на фиксните елементи на плоштадот. Понатаму, M.P. никогаш не рекол дека биле фрлани Молотови коктели на плоштадот Алимонда; тој само говорел за својот страв дека би можеле да бидат фрлени;
(ѓ) во однос на предлогот да се сослуша водникот Primavera за тоа кога задното стакло на џипот било скршено, фотографиите јасно покажувале дека тоа се случило многу порано од моментот кога истрелите биле испукани и дека истрелите не биле причина за распарчениот прозорец; дури и ако сведокот кој жалителите сакале да го повикаат гледал на тоа поинаку, тоа не би ги променило заклучоците;
(е) снимката направена на плоштадот Алимонда од двајца карабињери чии шлемови биле опремени со видео-камери биле веќе во списите;
(ж) ништо не би се постигнало со сослушување на карабињерот V.M. во однос на праксата на сечење на врвовите на куршумите (види параграф 79(д) погоре). Можело само да се претпостави дека оваа неправилна пракса не била широко распространета, во секој случај, заклучоците од балистичките наоди, засновани на објективни тестови, веќе биле достапни. Ништо не посочувало дека M.P. ја следел праксата за која станува збор во овој случај, со оглед на тоа дека другите куршуми најдени во шаржерот на неговиот пиштол биле сосем нормални;
(з) неспорно било дека штетата на џипот била предизвикана од камења и други тврди предмети кои биле фрлани врз него; затоа било непотребно да се одреди технички преглед на возилото;
(ѕ) форензичките испитувања на потрошените патрони кои биле одземени, со цел да се утврди од кои оружја тие произлегле (види параграф 79(ѓ) погоре), би „биле бесцелни“, затоа што немало сомнение дека фаталниот куршум бил испукан од оружјето на M.P.; тоа био потврдено со изјавите на M.P. и наодите од форензичките испитувања.
9. Одлуката да се делегираат определени истражни дејствија на карабињерите
105. Истражниот судија ги отфрлил критиките од адвокатите на жалителите во однос на тоа дека било несоодветно да се доверат неколку аспекти на истрагата на карабињерите и да се сослушаат голем број на сведоци во присуство на припадници на карабињерите. Судијата забележала дека настаните на плоштадот Алимонда биле реконструирани со помош на обемен видео и фотографски материјал во списите и изјавите на самите учесници, и дека сите прифатливи сценарија биле земени во предвид.
106. Со оглед на горните согледувања истражниот судија од Џенова одлучила дека постапката треба да биде сопрена.
Ѓ. Парламентарна истрага
107. На 2 август 2001 Претседателите на Сенатот и Домот на пратеници одлучиле дека истрага (indagine conoscitiva) за настаните кои се случиле во текот на Г8 во Џенова требало да биде спроведена од страна на комитетите за уставни прашања на двата дома на Парламентот. За таа цел, комисија во која биле претставени различните парламентарни групи била основана, составена од осумнаесет членови на Домот на пратеници и еднаков број на сенатори („парламентарната комисија“).
108. На 8 август 2001 парламентарната комисија го сослушала Главниот командир на карабињерите. Тој изјавил, посебно, дека 4,673 дополнителни трупи и 375 карабињери специјалци биле повикани во Џенова за да им помогнат на 1,200 припадници на регионалната команда. Само 27% од војниците присутни во Џенова биле помошни карабињери кои вршеле воена служба (за операции за јавен ред таа бројка била 70%). Повеќето од помошните карабињери имале отслужено девет или десет месеци служба и веќе биле распоредени во слични ситуации. Почнувајќи од април 2001 целиот персонал кој требало да се распореди во Џенова бил обучен за операции за јавен ред и употреба на стандардна опрема. Биле организирани тимски вежби и семинари, семинарите се однесувале на идентификација на потенцијални закани и за положбата на градот. Сите оние кои биле распоредени имале заштитни шлемови, штитови за немири, палки, гас-маски и огноотпорни костими за заштита на најиздадените делови на телото. Секој карабињер имал пиштол (pistola d’ordinanza) и бројни гранати на солзавец биле распределени на одредите; имало исто така 100 оклопни возила и 226 возила опремени со заштитни решетки, покрај специјални возила (на пример, возила со мобилни барикади за да се засилат фиксните барикади кои ја заштитувале црвената зона).
109. Според меморандумот на високата команда на карабињерите, елитна единица (aliquota scelta) од 928 луѓе поминала низ програма на обука во Велетри пред Г8 самитот, на која имало и теорија (психологија на толпата и опозициони групи, техники за јавен ред, справување со итни ситуации) и пракса (физичка активност, употреба на ресурси, материјали и опрема, финална вежба со дебрифирање). Останатите трупи имале тродневна обука за техники за одржување на јавен ред. Четириесет и осум службеници учествувале на информативен семинар на кој имало теми како што е поставеноста на градот Џенова.
110. На 5 септември 2001 парламентарната комисија го сослушала г-н Lauro, службеник на полицијата од Рим кој учествувал во операциите за одржување на јавен ред во Џенова (види параграф 34 погоре).
111. Г-н Lauro изјавил дека карабињерите биле опремени со микрофони за грло, кои им овозоможувале да комуницираат многу брзо еден со друг. Кога тој бил прашан зошто службениците за спроведување на правото стационирани прилично блиску до џипот (петнаеет до дваесет метри подалеку) не интервенирале, г-н Lauro одговорил дека луѓето биле на должност од утрото и биле вклучени во неколку судири во текот на денот. Тој додал дека тој не забележал во времето на настаните дека имало група на карабињери и полициски службеници кои можеле да интервенираат.
112. Во однос на улогата на двата џипа, г-н Lauro објаснил дека тие донесле нова опрема околу 16 часот па заминале и потоа се вратиле околу еден час покасно да видат дали некој бил повреден. Г-н Lauro исто така рекол дека тој повикал амбулантно возило за Carlo Giuliani затоа што немало лекар на местото на настанот.
113. На 20 септември 2001 парламентарната комисија поднесла извештај во кој биле наведени заклучоците на мнозинството на нејзините членови после истрагата. Документот се занимавал со организацијата на Г8 во Џенова, политичкиот контекст и протестните движења во однос на самитот и слични настани ширум светот, и бројните контакти помеѓу претставници на институциите и асоцијациите од кои бил составен Социјалниот форум на Џенова [the Genoa Social Forum], со цел да се спречат нарушувања на јавниот ред и преземањето мерко за се примат демонстранти. И покрај тој дијалог, протестното двиежење не успеало да го изолира насилните елементи, кои броеле „околу 10,000“; во рамките на тие елементи, морале да се разликуваат Црниот блок од „опортунисти“ поединци кои се сокриле во толпата.
114. Осумнаесет илјади службеници за спроведување на правото учествувале во операцијата. Имало околу 2,000 делегати и 4,750 акредитирани новинари; бројот на демонстрантите се движел во десетици илјади (100,000 учествувале на финалната демонстрација). Семинари за координација и обуки на агенциите за спроведување на правото (со придонес на обучувачи од полицијата од Лос Анџелес) биле одржани на 24 април и на 18 и 19 јуни 2001. Засегнатите агенции правеле практични вежби, иако со големо задоцнување. Аминистративните органи спровеле истражување за несмртоносна муниција (вклучително гумени куршуми), посебно преку студиски посети во странски полициски служби. Органите биле информирани дека демонстрантите на Црниот блок од анархистичките кругови во Италија и странство веројатно ќе одат до Џенова. После контакти со полициските служби на други земји, била донесена одлука да се суспендира примената на Шенген договорот помеѓу 13 и 21 јули 2001. Од 14 јули па натаму се вршеле проверки на италијанските граници за да им се дозволи на определени демонстранти да влезат во земјата и да се спречат насилните елементи да влезат. Во меѓувреме, со одлука со дата 12 јули 2001, раководителот на полицијата [questore] од Џенова ги посочил областите во градот каде самитот и демонстрациите ќе се одржуваат и направил аналитичка поделба на безбедносните мерки во сила за секоја област.
115. Парламентарната комисија потоа ги испитала разните насилни инциденти и судири кои се случиле помеѓу агенциите за спроведување на правото и демонстрантите на 19, 20 и 21 јули (посебно во текот на претрес спроведен во училиште, опишан од комисијата како „веројатно најистакнатиот пример на организационите и оперативни пропусти “). Со посебен осврт на смртта на Carlo Giuliani, комисијата забележала дека карабињер го испукал фаталниот куршум додека жртвата се подготвувала да фрли противпожарен апарат во насока кон него, засегнатиот карабињер претходно бил удрен по главата од друг демонстрант. Со оглед на тоа дека кривичната истрага била во тек, комисијата одлучила да ја фокусира својата анализа на „севкупната ситуација која довела до таа трагедија“, испитувајќи го посебно комуникацискиот систем помеѓу контингентите на персоналот за спроведување на правото, нивните командни офицери и контролните центри, со цел да се проучат мерките за координација во различните области. Комисијата исто така воочила дека „основната причина“ за загубата на животот било „безумното насилство извршено од екстремистички групи кое ги загрозило животите на млади луѓе кои се нашле вплеткани во нивните криминални активности“.
116. Според мислењето на комисијата, целосниот исход од Г8 бил позитивен. Иако некои пропусти биле идентификувани во координацијата на операциите, морало да се земе во предвид дека агенциите за спроведување на правото биле соочени со помеѓу 6,000 до 9,000 насилни поединци кои не биле изолирани од демонстрантите кои мирно протестирале (комисијата во тој поглед се повикала на „двојната игра“ играна од Социјалниот форум на Џенова). Извештајот на парламентарната комисија заклучил како што следи:
„Комисијата ... повторува дека насилството не е и не смее да биде средство за политичка акција и дека владеењето на правото е фундаментална вредност на демократските општества. Во исто време таа силно ја потенцира неповредливоста на уставните принципи на слободата да се изразат своите мисли и на почит кон поединецот дури – да не се спомене посебно – кога тој или таа е притворен после апсење, како и потребата да се осигура безбедноста на граѓаните и јавниот ред; ако акти кои претставуваат кривични или дисциплински прекршоци се утврдени, [комисијата] би сакала да види како засегнатите судски и административни органи ги идентификуваат тие што се одговорни и да ги казнат за нивните постапки.“
117. Владата ги доставила пред Судот записниците од расправите на кои парламентарната комисија ги сослушала Министерот за вантрешни работи, Главниот раководител на Одделението за јавна безбедност и Главниот командир на финансиската полиција.
118. На 20 септември 2001 група на парламентарци ја повикала Владата да објасни зошто службениците за спроведување на правото распоредени на операции за одржување на јавен ред била опремени со вистинска муниција наместо со гумени куршуми. Парламентарците се залагале за употреба на гумени куршуми, тврдејќи дека тие биле употребено со успех во неколку наврати во други земји.
119. Владиниот гласноговорник одговорил дека законот не овозможувал таква опција и дека, дотолку повеќе, не било докажано дека гумените куршуми не предизвикувале исто така многу сериозна штета за жртвата. На крајот, тој рекол дека можноста за воведување на несмртоносни оружја во моментот се разгледувала.
120. На 22 јуни 2006 жалителите се обратиле до Канцеларијата на Премиерот и до Министерството за одбрана за надомест на штетата која ја претрпеле како последица на смртта на Carlo Giuliani. Владата објасни дека барањето било одбиено врз основа на тоа дека било утврдено во кривичната постапка дека M.P. делувал во нужна одбрана. Од истата причина, не била поведена дисциплинска постапка против M.P.
Е. Одлуките донесени во „судењето на дваесет и петмината“
1. Првостепена пресуда
121. На 13 март 2008 Окружниот суд во Џенова го објавил своето образложение во пресудата усвоена на 14 декември 2007 после судењето на дваесет и петмината демонстранти обвинети за повеќе кривични дела извршени на 20 јули 2010 (вклучувајќи казнива штета, кражба, уништување на имот, разбојништво и акти на насилство против службеници за спроведување на правото). Во текот на судењето, во кое биле одржани 144 рочишта, Окружниот суд, помеѓу останатото, сослушал бројни сведоци и испитал обемен аудио-визуелен материјал.
122. Окружниот суд одлучил, помеѓу останатото, дека нападот на карабињерите врз лицата од Tute Bianche кои учествувале во маршот бил незаконски и арбитререн. Одржувањето на маршот било одобрено и демонстрантите не извршиле позначителни акти на насилство врз карабињерите. Нападот од карабињерите бил започнат против стотици лица кои не предизвикувале штета, а не била донесена наредба за растерување. Нападот кој следувал бил исто така незаконски и арбитререн. Не му претходело предупредување демонстрантите да се разотидат, не бил нареден од страна на офицер овластен тоа да го стори и бил непотребен.
123. Употребените методи биле исто така незаконски. Карабињерите ги фрлале бомбите со солзавец од висина на градите, голем број на демонстранти претрпеле повреди од палки, а оклопните возила ги срушиле барикадите и ги следеле учесниците во толпата по должината на тротоарот со јасна намера да ги повредат.
124. Незаконскиот и арбитререн карактер на постапките на карабињерите го оправдувале отпорот покажан од демонстрантите додека бил употребуван солазвец и во текот на нападот врз учесниците во маршот. Нивниот отпор бил исто така предизвика од судирите кое се случиле на помалите улици пред 15.30 часот, што значи, сѐ до моментот во кој карабињерите постапиле по наредбата да застанат и да дозволат маршот да продолжи. Според судот, постапките на обвинетите биле „неопходна реакција“ на арбитрерните постапки на службениците за спроведување на правото во смисла на член 4 од Законодавниот декрет бр. 288 од 1944. Членот 4 гласи како што следува:
„Членовите 336, 337, 338, 339, 341, 342 и 343 од Кривичниот законик [според кои се кривични дела различните акти на отпор против службеници за спроведување на правото] нема да важат кога службено лице или лице овластено да врши јавна власт го предизвикало делото предвидено во тие членови преку пречекорување на границите на неговото или нејзиното овластување со арбитрерни акти.“
125. Окружниот суд одлучил да го испрати предметот до канцеларијата на јавниот обвинител врз основа на тоа што изјавите дадени од страна на г-н Mondelli и други двајца службеници за спроведување на правото (дека нападот бил неоходен за да се спротивстави на агресијата покажана од демонстрантите) не одговарале на фактите.
126. После 15.30 часот, иако демонстрантите можеби сѐуште имале чувство на злоупотреба и неправда, нивното однесување повеќе не било дефанзивно туку било водено од желбата за одмазда; затоа било неоправдано и казниво.
127. Нападот нареден од полицискиот службеник Lauro, кој ги предизвикал настаните на плоштадот Алимонда, не бил ниту незаконски ниту арбитререн. Како последица, насилната реакција на демонстрантите, која довела до тоа карабињер да бида бркан и џипот да биде нападнат, не можело да се смета за дефанзивна реакција.
128. Карабињерите во џипот можеби се плашеле дека и тие ќе бидат предмет на обид за линч. Фактот што демонстрантите кои ги опколиле немале Молотови коктели и затоа не биле во состојба да го запалат возилото бил фактор кој можел да биде ценет од денешна гледна точка. Лицата кои биле во џипот не можеле да бидат обвинети за тоа што биле во паника.
129. Carlo Giuliani веројатно бил на четири метра од џипот кога бил убиен. M.P. изјавил дека тој можел да види само што се случува во возилото. Кога истрелот бил испукан, тој лежел долу со неговите стапала кон задната врата на возилото. Тој го повлекол надолу D.R. врз себеси и неможел да ја види сопствената рака; тој не можел да каже дали таа била во или надвор од џипот. Во секој случај, тој пукал кон горе.
130. Пресудата на Окружниот суд ги споменува изјавите дадени од вештакот Marco Salvi, кој ја спровел аутопсијата на телото на Carlo Giuliani. Г-н Salvi изјавил посебно дека траекторијата на фаталниот куршум посочувала на директен удар и дека металниот деч во телото на жртвата бил многу тешко да се најде. Делот, кој бил виден на скенот (види параграф 60 погоре), „морал да е многу мал“; вештаците се обиделе да го лоцираат одејќи низ мозочното ткиво дел по дел (per piani), иако тоа било оштетено и натопено со крв. Колку повеќе вештаците работеле, толку повеќе ткивото се оштетувало. Со оглед на тоа дека делот не бил куршум и бил неупотреблив за балистички испитувања, вештаците сметале дека е неважен детал (un particolare irrilevante) и престанале со барањето.
2. Пресуда по жалба
131. Дваесет и четиримина од обвинетите се жалеле против првостепената пресуда. Во пресуда од 9 октомври 2009, депонирана во секретаријатот на 23 декември 2009, Апелациониот суд од Џенова ги потврдил осудите изречени од Окружниот суд, ги зголемил некои од казните и го прогласил гонењето за некои од кривичните дела за застарено.
132. Во однос на нападот на карабињерите врз маршот на Tute Bianche, Апелациониот суд воглавно го прифатил ставот на Окружниот суд. Судот забележал дека карабињерите се сретнале со учесниците маршот, кои биле околу 11,000 лица, како последица на рутата кја им била посочена од контролната просторија. Првиот дел од маршот, или „контактна група“, била составена од околу дваесет лица, воглавно членови на Парламентот, градоначалници, личности од културата и новинари. Позади нив имало повеќе заштитни направи од плексиглас, споени; тие биле следени од „водството на маршот“ составено од демонстранти со шлемови и штитници за рамо и раце. Маршот не ги видел сцените на судирите туку само продолжил за околу два километри без да наиде на никаква пречка. Заштитната опрема покажувала дека, иако тие не носеле тапи инструменти, демонстрантие биле подготвени за можни судири.
133. Во овие околности тешко било да се разбере зошто службенците Bruno и Mondelli одлучиле да извршат напад врз маршот. Тие не примиле таква наредба, напротив, од нив било побарано да избегнат да се сретнат со учесниците на маршот. Вестите дека напад бил во тек биле дочекани со неодобрувње од контролната просторија.
134. Карабињерите биле повикани итно да интервенираат во Марази затворот, додека службеници за спроведување на правото со потешкотии се справувале со нападот од страна на Црниот блок. Затоа, кога тие се сретнале со маршот се обиделе да го исчистат вкрстувањето и тунелот низ кои тие сакале да поминат. Според сведочењето на еден новинар, оценето како „неутрално“ и затоа и кредибилно, младинци кои биле дел од Црниот блок пристигнувајќи од спротивна насока од лицата во маршот фрлале камења врз карабињерите; тоа довело до наредба за употреба на солзавец, издадена од г-н Bruno. Апелациониот суд заклучил дека, иако нападот на карабињерите бил нелегитимен, тие биле повикани да интервенираат во ситуација карактеризирана со насилство од демонстранти од Црниот блок, кои претходно испревртеле други делови од градот, и од фактот што вкрстувањето кое требало да го преминат било зафатено од толпа а тунелот блокиран со барикади.
135. Според ставот на Апелациониот суд, Окружниот суд правилно одлучил дека следните постапки на карабињерите биле нелигитимни:
(a) фрлањето солзавец;
(б) пропустот да се нареди разотидување на учесниците во маршот, кои не предизвикувале неред и кое можеле да влезат во црвената зона многу подалеку на плоштадот Верди;
(в) нападот на одобрен, мирен марш од невооружени демонстранти. Иако Црниот блок предизвикал сериозни нарушувања на јавниот ред на други места во градот, немало доказ дека тие биле „покриени“ од учесниците во маршот, што значи, дека тие биле сокриени помеѓу нив пред или после извршувањето на вандалските акти.
136. Понатаму имало арбитрерни акти во форма на употреба на палки (manganelli) (парчиња од дрво или железо завиткани во самолеплива трака и извор на сериозни осекотини и крварење); употребата на оклопни возила за да се направат „упади“ помеѓу демонстрантите, нивно следење со висока брзина по тротоарот (Аплеациониот суд забележал дела возилата немале доволно безбедни сигурнонси кочници и дека едното од нив бркало демонстрант во цик-цак движење, како да се обидувало да го прегази); нанесувањето на прекумерни повреди и тепањето на демонстрантите, новинарите и на возач на амбулантно возило.
137. Нелигитимниот и арбитререн напад предизвикал реакција кај демонстрантите која не била казнива со оглед на основите на оправдување предвидени во член 4 од Законодавниот декрет бр. 288 од 1944. Сепак, кога карабињерите се повлекле и оклопното возило се расипало, демонстрантите не биле повеќе во опасност. Оттука, нападот врз возилото и лицата во него не претставувал дефанзивен акт, туку акт на одмазда. Од тој момент па натака Tute Bianche „го вратиле“ своето право на собирање и протестирање, и сите понатамошни акти на насилство и вандализам од нивна страна, вклучувајќи ја штетата на оклопното возило, претставувале кривично дело.
138. Апелациониот суд се согласил со ставот на Окружниот суд дека, и покрај нивната насилна рекација, учесниците на маршот не биле виновни за делото предизвикување кривична штета. Штетата предизвикана била незначителна и произлегла од употребата на предмети (автомобили и контејнери) како заштита против карабињерите. Иако фактот што демонстрантите во првите редови носеле штитници бил „непријатен“ тој не можел да доведе до претпоставка дека тие имале намери да се вклучат во акти на насилство.
Ж. Аудио-визуелните материјали изнесени од странките
139. Во текот на постапката пред Судот странките доставија обемни аудио-визуелни материјали. ЦД-ромови поднесени од страна на Владата и жалителите на 28 јуни и 9 јули 2010 соодветно (види параграф 9 погоре). На нив се прикажани повеќе фази од демонстрациите кои се одржале во Џенова на 20 јули 2001 и содржат слики од моментите пред и после истрелот со кој бил убиен Carlo Giuliani. Тие исто така го прикажуваат насилството извршено од демонстрантите (фрлање на камења, напади врз агенциите за спроведување на правото, акти на вандализам на улицата и против полицијата и карабињерите) и насилството кое може да им се припише на властите. Некои од снимките покажуваат како полициски оклопни возила бркаат демонстранти со голема брзина по тротоарот и полициски службеници како тепаат демонстрант кој лежи на земјата. ЦД-ром на жалителите исто така содржи извадоци од изјавата на г-н Lauro и од интервју со M.P. кое било емитувано на телевизија.
З. Административните документи поднесени од Владата
140. Владата достави бројни административни документи од полициските власти, Министерството за внатрешни работи и на Домот на пратеници. Во документите кои се релевантни за овој случај се воочува следното:
– на 6 февруари 2001 Одделението за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи испратило циркуларно писмо до сите questori потсетувајќи ги, посебно, дека фрлањето на солзавец треба да се смета за „крајна мерка при справување со посебно опасни ситуации кои не можат да бидат решени на друг начин“,
– Одделението за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи подготвило „информативен прирачник за персоналот на државната полиција“ кој содржел упатства за постапување на Г8 во Џенова;
– на 17 јули 2001 – значи, пред Г8 – Министерот за внатрешни работи се обратил пред Домот на пратеници „за ситуацијата со јавниот ред во Џенова“;
– на 23 јули 2001 истиот Министер имал обраќање пред Парламентот на темата на „сериозните инциденти кои се случиле во Џенова во текот на Г8 самитот“:
– на 30 и 31 јули 2001 Одделението за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи доставило извештаи за постапувањето на агенциите за спроведување на правото во текот на претресот спроведен ноќта на 21 јули 2001 во училиште заземено од демонстранти, и во полициска станица каде биле задржани некои лица. Била предложена дисциплинска постапка против неколу полициски службеници и questore од Џенова;
– на 6 август 2001 меѓу-регионалниот полициски директорат ги доставил до началникот на полицијата наодите од административната инспеција спроведена во questura во Џенова, кои посочиле определени организациски проблеми во текот на Г8 и во кои се анализирале тринаесет „потенцијални казниви инциденти“ кои можеле да се припишат на агенциите за спроведување на правото врз основа на достапните аудио-визуелни материјали; ниту еден од тие инциденти не бил поврзан со употребата на сила од страна на M.P.
141. Владата исто така достави меморандум од Одделението за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи со дата 4 октомври 2001, според кој околу 18,000 службеници за спроведување на правото биле распоредени на Г8 во Џенова. Посебно, државата повикала 14,102 лица за „засилување“ вклучувајќи 11,352 „полициски оператори“ (полициски службеници, карабињери, службеници од финансиската и шумската полиција и затворски службеници) и околу 2,750 припадници на оружените сили. Од 11,352 „полициски оператори“, 128 припаѓале на елитните единици, додека пак 2,510 полициски службеници и 1,980 карабињери припаѓале на „мобилните единици“ (reparti mobile) составени од персонал посебно обучен и опремен за операции за одржување на јавен ред. Одделението за јавна безбедност посочило дека, на почетокот на март 2001, вовело програма за обука посебно предвидена за персоналот кој учествувал на Г8, со цел да се гарантира раководењето со јавниот ред врз основа на принципите на демократија и почитување на основните права (затоа, учесниците на курсевите за обука биле потсетени дека употребата на сила била крајна мерка). Напредни семинари за обука исто така биле организирани на кои се проучувала динамиката на настани како што бил Г8 самитот.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
A. “Оправдани основи “
142. Кривичниот законик („КЗ“) предвидува ситуации (cause di giustificazione or scriminanti) кои можат да ослободат лица од кривична одговорност и да го направат неказниво однесувањето кое претставува кривично дело според законот. Можни оправдани основи вклучуваат легитимна употреба на оружје и нужна одбрана.
1. Легитимна употреба на оружје
143. Член 53 од КЗ предвидува дека нема да бидат изречени санкции на
„службено лице кое употребува или наредува употреба на оружја или било кои други средства на присилба во вршењето на неговите или нејзините службени должности, кога тој или таа е обврзан тоа да го стори со цел да одврати акт на насилство или да спречи обид на попречување на службено лице. Во секој случај, тој или таа нема да биде виновен/виновна кога такво дејствие е преземено за да се спречат кривични акти кои вклучуваат масакар, потонување на брод, поплавување, авионски или железнички катастрофи, убиство со умисла, вооружен грабеж или киднапирање ....Законот предвидува други случаи во кои употребата на оружја или на било кои други средства за присилба е дозволена.“
2. Нужна одбрана
144. Член 52 од КЗ превидува дека нема да бидат изречени санкции на
„лица кои ќе извршат кривично дело кога се присилени тоа да го сторат од потребата да ги одбранат нивните права од вистинска опасност на неоправдан напад под услов нивната одбранбена реакција да е пропорционална на нападот“.
3. Небрежно оречекорување на границите на нужна одбрана
145. Според член 55 од КЗ, во случаите на, помеѓу останатото, нужна одбрана или легитимна употреба на оружја, кога засегнатото лице небрежно (colposamente) ќе ги пречекори границите поставени со закон или од надлежен орган, или кои се диктирани од нужда, неговите или нејзините постапки се казниви како небрежно постапување во мерка предвидена со закон.
Б. Одредби со кои се регулира јавната безбедност
146. Членовите 18-24 од Законикот за јавна безбедност (Testo Unico) од 18 јуни 1931 (бр. 773) ги регулираат јавните собири на јавни места или на места отворени за јавноста. Кога таквиот собир може да го загрози јавниот ред или безбедност или кога се извршени кривични дека, собирот може да биде распуштен. Пред да биде распуштен, мора да биде побарано од учесниците од страна на агенциите за спроведување на правото да се разотидат. Ако не се постапи во согласност со барањето, на толпата мора да и бидат дадени три формални предупредувања да се разотиде. Ако тие предупредувања не се испочитувани или ако не може да бидат дадени заради револт или несогласување, полициските службеници или карабињерите носат наредба собирањето или собирот да бидат прекинати со употреба на сила. Наредбата ја спроведуваат полициските и воените сили под команда на нивните соодветни командни офицери. Одбивањето да се почитува наредба да се разотиде е казнива со казна затвор од еден месец до една година и со казна од 30 до 414 евра (EUR).
В. Правила за употреба на оружја
147. Во февруари 2001 Министерството за внатрешни работи донело директива до questori во која се содржеле генерални одредби за употребата на солзавец и палки (sfollagente). Употребата на таква опрема морала да биде наредена јасно и изречно од страна на раководителот на службата после консултација со questore. Персоналот мора да биде информиран.
148. Понатаму, Претседателскиот декрет бр. 359 од 5 октомври 1991 ги поставува „критериумите за утврдување на оружјата кои ќе им се доделат на органите за јавна безбедност и државната полиција“. Декретот содржи опис на различни оружја кои се доделуваат стандардно (членови 10 до 32), разликувајќи „лично оружја“ и „колективни оружја“. Личните оружја се состојат од пиштол кој му се распределува на лицето во текот на траењето на неговата или нејзината служба (член 3 § 2). Тој или таа мора да го чува оружјето, да го осигура неговото одржување, да ги применува мерките за безбедност предвидени во секое време и сите ситуации и да учествува на практични вежби организирани од властите (член 6 § 1).
149. Член 32 наведува дека властите „може да доделат оружја со средства за смирување (proiettili narcotizzanti)“ и дека во случаи на нужда и итност Министерот за внатрешни работи може да овласти полициски службеници кои имале ад хок обука да употребат други оружја покрај тие кои се доделуваат како стандардни, под услов оружјата да бидат проверени и да не го надминуваат капацитетот за напад на оружјата стандардно доделувани (член 37). Гореспоменатиот декрет понатаму предвидува дека оружјата кои се доделуваат како стандардни мора да бидат соодветни и пропорционални на обврските за заштита на јавниот ред и јавната безбедност, спречување и справување со криминал и други институционални цели (член 1).
Г. Правата на оштетените во текот на прелиминарната истрага и после предлогот на јавниот обвинител за сопирање на постапката
150. Според член 79 од Законикот за кривична постапка („ЗКП“), оштетената страна може да побара да се вклучи во постапката како граѓанска странка од подготвителното рочиште па натаму; тоа рочиште е рочиште на кое судијата треба да одлучи дали обвинетиот треба да биде изведен пред суд. Пред подготвителното рочиште или кога нема такво рочиште затоа што предметот е затворен во поранешна фаза од постапката, оштетените може да употребат определени овластувања. Релевантните одредби на ЗКП превидувааат
член 90
„Оштетените ќе ги користат правата и овластувањата кои изречно им се овозможени со закон и можат понатаму, во било која фаза од постапкта, да поднесат поднесоци и, освен во касациона постапка, да побараат приклучување на докази.“
член 101
„Оштетените може да назначат законски застапник за користењето на правата и овластувањата кои им се доделени ....“
член 359 § 1
„Кога јавниот обвинител нареди испитувања...или било кои други технички операции кои бараат специјализирано знаење, тој или таа може да назначи....вештаци. Вештакот не може да одбие да соработува.“
член 360
„1. Кога испитувањата споменати во член 359... се однесуваат на лица, предмети или места кои се во состојба подложна на промени, јавниот обвинител ќе го информира обвинетиот, оштетената страна и адвокатите без одлагање за датата, времето и местото предвидено за брифирање на вештаците и за можноста за назначување на вештаци.
...
3. Сите назначени адвокати или вештаци ќе имаат право да присуствуваат на брифингот на вештаците, да учествуваат на испитувањето, да даваат забелешки и да изразат сомневања.“
член 392
„1. Во текот на прелиминарната истрага, јавниот обвинител и обвинетиот може да поднесат барање до судијата за итно изведување на докази.
2. Јавниот обвинител и обвинетиот можат исто така да предложат форензичко испитување кога такво испитување, ако е наредено во текот на судењето, би можело да повлече прекинување на постапката подлого од 60 дена... .“
член 394
„1. Оштетените можат да поднесат предлог до јавниот обвинител да побара итно изведување на докази.
2. Ако јавниот обвинител го одбие тој предлот, тој или таа ќе даде причини за одлуката и ќе ја достави на оштетената страна.“
151. Јавниот обвинител нема овластување да ја сопре постапката, тој или таа може само да му предложи на истражниот судија тоа да го стори. Оштетената страна може да поднесе приговор против тој предлог. Релевантните одредби од ЗКП гласат како што следи:
член 409
„1. Освен во случаи кога приговорот споменат во член 410 е поднесен, ако судијата го одобри предлогот за сопирање на постапката тој или таа ќе донесе одлука за таа цел, давајќи причини за тоа, и ќе го врати предметот до канцеларијата на јавниот обвинител. ...
2. Ако судијата го отфрли предлогот [за сопирање на постапката], тој или таа ќе ја определи датата на рочиштето затворено за јавноста и ќе го информира јавниот обвинител, обвинетиот и оштетената страна соодветно. Постапката ќе биде спроведена во согласност со член 127. Документите ќе бидат оставени во секретаријатот на судот сѐ до денот на рочиштето, а копии може да бидат добиени од адвокатите.
...
4. После рочиштето, ако судијата смета дека се потребни дополнителни истражни дејствија, тој или таа ќе донесе наредба до јавниот обвинител во која се наведени дејствијата и во која е одреден временски рок за нивно завршување.
5. Кога околностите опишани во параграф 4 не се исполнети а судијата го отфрли предлогот за сопирање на постапката, тој или таа ќе донесе наредба со која го упатува јавниот обвинител да подготви обвинителен акт во рок од десет дена. ...
6. Жалба против одлуката за сопирање на постапката може да се поднесе до Касациониот суд само врз основа на ништавност предвидена со член 127 § 5 [посебно непочитување на процедуралните одредби во однос на одржување рочиште од кое е исклучена јавноста].“
член 410
„1. Кога приговара на предлогот за сопирање на постапката, оштетената страна ќе предложи истрагата да продолжи, наведувајќи ја целта за понатамошната истрага и предлагајќи приклучување на релевантни докази, во спротивно приговорот ќе биде прогласен за недопуштен.
2. Кога приговорот е прогласен за недопуштен и обвиненијата се неосновани, судијата ќе донесе наредба за сопирање на постапката и ќе го врати предметот до канцеларијата на јавниот обвинител.
...”
Д. Погребување и кремирање
152. Член 116 од одредбите за имплементација на ЗКП се однесува на истраги во случај на смрт кога има основи за сомнение дека било извршено кривично дело. Тој член предвидува:
„Кога постои сомнение дека лицето починало како последица на кривично дело, јавниот обвинител ќе ја провери причината за смртта и, ако тој или таа смета дека е неопходно, ќе нареди аутопсија во согласност со постапката предвидена со член 369 од Законикот или ќе побара итно изведување на докази ...
... Погребот не може да се одржи без наредба од страна на јавниот обвинител.“
153. Член 79 од Претседателскиот декрет бр. 285 од 10 септември 1990 предвидува дека кремирањето мора да биде дозволено од страна на судски орган кога смртта настапила ненадејно или под сомнителни околности.
III. РЕЛЕВАНТНИ МЕЃУНАРОДНИ ПРИНЦИПИ И ДОКУМЕНТИ
A. Основни принципи на Обединетите нации за употреба на сила и огнено оружје од овластени службени лица
154. Релевантните делови од тие принципи („Принципите на ОН“), кои беа усвоени на Осмиот Конгрес на Обединетите нации за спречување на криминалот и постапување со извршители на кривични дела, одржан во Хавана (Куба) од 27 август до 7 септември 1990, предвидуваат како што следи:
„1. Владите и службите за спроведување на правото ќе усвојат и имплементираат правила и прописи за употебата на средства за присилба и огнено оружје против лица од страна на службени лица за спроведување на правото. При изработката на такви правила и прописи. Владите и службите за спроведување на правото постојано ќе ги анализираат етичките прашања поврзани со употребата на сила и огнено оружје.
2. Владите и службите за спроведување на правото треба да развијат што е можно поширок спектар на средства и да ги опремат службениците за спроведување на правото со различни видови на оружје и муниција кои ќе овозможат употреба на сила и оружје во зависност од ситуацијата. Тие треба да вклучуваат развивање на несмртоносни неутрализирачки оружја за употреба во соодветни ситуации, со цел се повеќе да се ограничи примената на средства кои можат да предизвикаат смрт или да повредат лица. Со истата цел, треба да биде возможно службениците за спроведување на правото да бидат опремени со опрема за самоодбрана како што се штитови, шлемови, панцири и средства за транспорт кои се отпорни на куршуми со цел да се намали потребата да се користат оружја од било кој вид.
...
9. Службениците за спроведување на правото нема да употребуваат огнено оружје против лица освен во самоодбрана или во одбрана на другите против претстојна закана за смрт или сериозна повреда, да спречат извршување на посебно тешко кривично дело од кое постои закана за живот, да уапси лице кое претставува таква опасност и попречува службено лице, или за да го спречи неговото или нејзиното бегство, и само кога други помалку екстремни средства се недоволни за постигнување на тие цели. Во секој случај можна е намерна употреба на оружје со смртоносни последици само кога е потполно неизбежна за да се заштити живот.
10. Во околностите предвидени со принципот 9, службениците за спроведување на правото ќе се претстават себеси како такви и ќе дадат јасно предупредување за нивната намера да употребат огнено оружје, и да дадат доволно време да се постапи според предупредувањето, освен ако тоа би ги изложило службениците за спроведување на правото или би довело до ризик за смрт или сериозна штета на други лица, или би било очигледно несоодветно или бесмислено во околностите на инцидентот.
11. Правилата и прописите за употреба на огнено оружје од страна на службениците за спроведување на правото треба да влучуваат насоки кои:
(a) Ги прецизираат околностите под кои службениците за спроведување на правото се овластени да носат огнено оружје и ги пропишуваат видовите на огнено оружје и муниција кои се дозволени;
(б) Гарантираат дека огненото оружје се користи само во соодветни околности и на начин на кој е веројатно дека ќе се намали ризикот од непотребна штета;
(в) Ја забрануваат употребата на тоа огнено оружје и муниција кои предизвикуваат непотребна повреда и претставуваат непотребен ризик;
(г) Ја регулираат контролата, чувањето и доделувањето на огнено оружје, вклучително и процедурата со која се гарантира дека службениците за спроведување на правото одговараат за огненото оружје и муницијата кои ним им се доделуваат;
(д) Предвидуваат дека предупредувања ќе бидат издадени, ако е соодветно, кога ќе се користат огнени оружја;
(ѓ) Предвидуваат систем на известување секогаш кога службениците за спроведување на правото употребат огнено оружје во извршувањето на нивната должност.
...
18. Владите и службите за спроведување на правото ќе гарантираат дека сите службеници за спроведување на правото се избрани преку сооветни процедури за селекција, имаат соодветни психолошки и физички способности за ефикасна употреба на нивните функции и да имаат континуирана и детална професионална обука. Нивната континуирана подготвеност за извршување на тие функции ќе биде предмет на периодична проверка.
19. Владите и службите за спроведување на правото ќе гарантираат дека на сите службеници за спроведување на правото им е овозможена обука и дека се тестирани во согласност со стандардите за знаење за употреба на сила. Оние службеници за спроведување на правото кои се обврзани да носат огнено оружје треба да бидат овластени да носат такво оружје само после завршувањето на посебна обука за негова употреба.
20. Во обуката на службениците за спроведување на правото, Владите и службите за спроведување на правото ќе обрнат посебно вниманите на прашањата на полициска етика и човекови права, особено во истражните дејствија, на алтернативите на употребата на сила и огнено оружје, вклучително и мирно решавање на конфликти, поимање на однесувањето на толпата и методи на убедување, преговарање и медијација, како и на технички средства, со цел да се ограничи употребата на сила и огнено оружје. Службите за спроведување на правото треба да ги преразгледаат нивните програми за обука и оперативни прцедури во светло на конкретни инциденти.
...”
B. Извештај на Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачо постапување или казнување (CPT)
155. CPT ја посети Италија во 2004. Релевантните делови од неговиот извештаj, објавен на 17 април 2006, гласат како што следува:
„14. Уште од 2001 CPT започна дијалог со италијанските власти во однос на настаните ки се случија во Неапол (на 17 март 2001) и во Џенова (од 20 до 22 јули 2001). Италијанските власти продолжуваат да го информираат Комитетот за активносите преземени во одговор на наводите на малтретрирање против службите за спроведување на правото. Во тој контекст властите во текот на посетата донесоа листа на судски и дисциплински постапки кои се во тек.
CPT сака да биде и натаму редовно информиран за напредокот на гореспоменатите постапки. Понатаму, сака да прима детални информации за мерките преземени од страна на италијанските власти за спречување на повторување на слични настани во иднина (поврзани, на пример, со раководењето на обемни операции за одржување на јавниот ред, обука на надзорниот и оперативниот персонал и системите за мониторирање и инспекција).
15. Во извештајот за неговата посета од 2000, CPT препорача дека мерките преземени во однос на обуката на службениците за спроведување на правото, со посебно споменување на инкорпорирање на приници од човековите права во практичната обука – и почетната и континуираната – во однос на менаџирањето на ситуации од висок ризик како што се апсење и испитување на осомничени. Во нивниот одговор, италијанските власти само дадоа општи одговори во однос на компонентата на човековите права во обуката која им се дава на службениците за спроведување на правото. CPT сака да добие подетални – и ажурирани – информации за оваа тема ...”
В. Документи подготвени од страна на Комитетот на Обединетите нации против тортура (CAT)
156. Владата достави документи во кои се резимираат согледувањата на CAT на извештаи поднесени од држави договорнички според член 19 од Конвенцијата на Обединетите нации против тортура и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување. Дел од четвртиот периодичен извештај поднесен од Италија (со дата 4 мај 2004) се однесува на „настаните од Џенова“ (параграфи 365-395). Заснован е воглавно на определени пасуси од извештајот на парламентарната комисија (види параграфи 113-116 погоре). CAT го разгледал четвртиот периодичен извештај на Италија на заседанијата 762 и 765, одржани на 4 и 7 мај 2007, и усвоил, на неговите 777 и 778-ми заседанија, документ во кој биле содржани следните заклучоци и препораки. Релевантните делови на извештајот на заседанија гласат како што следи:
„Обука
15. Комитетот ги цени деталните информации доставени од државата договорничка во врска со обуката на нејзините службеници за спроведување на правото, затворскиот персонал, граничарите и оружените сили. Сепак, Комитетот со жалење го воочува недостигот на информации за обука за користењето на ненасилни средства, контрола на толпа и за употреба на сила и огнено оружје. Понатаму, Комитетот со жалење воочува дека не се достапни информации за влијанието на спроведената обука врз службениците за спроведување на правото и граничните службеници, и за тоа колку биле ефикасни програмите за обука во намалувањето на инциденти на тортура и малтретирање (чл. 10).
Државата договорничка треба понатаму да развива и имплементира образовни програми за да гарантира дека:
a) Сите службениците за спроведување на правото, службеници на граница и персонал кој работи на CPTs и CPTAs се целосно запознати со одредбите на Конвенцијата, дека повредите нема да бидат толерирани и ќе бидат истражени, и дека прекршителите ќе бидат гонети кривично, и
б) Службениците за спроведување на правото се соодветно опремени и обучени да користат ненасилни средства и да посегнат кон употреба на сила и оружје само кога тоа е вистински нужно и пропорционално. Во овој поглед, италијанските власти треба да спроведат детален преглед на сегашните практики на полициско работење, вклучително и обука и распоредување на службениците за спроведување на правото за контролирање на толпа и прописите за употреба на сила и огнено оружје од страна на службениците за спроведување на правото.
Понатаму, Комитетот препорачува дека целокупниот релевантен персонал треаб да има специјализирана обука за тоа како да се идентификуваат знаци на тортура и малтретирање и дека Протоколот од Истанбул од 1999 (Прирачник за ефикасна истрага и документирање на тортура и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување) да стане интегрален ден од обуката која се дава на лекарите.
Понатаму, држвата договорничка треба да развие и имплементира методологија за оцена на ефикасноста и учинокот на нејзините програми за обука/образовни програми врз намалувањето на случаи на тортура и малтретирање.
...
Малтретирање и прекумерна употреба на сила
17. Комитетот со загриженост воочува континуирани наводи за прекумерна употреба на сила и малтретирање од страна на службеници за спроведување на правото. Во тој поглед, Комитетот е особено загрижен за известувањата во однос на наводна прекумерна употреба на сила и малтретирање од страна на службеници за спроведување на правото во текот на демонстрациите во Неапол (март 2001) во врска со Третиот глобален форум [Third Global Forum], Г8 самитот во Џенова (јули 2001) и во Вал ди Суза (декември 2005). Комитетот е исто така загрижен дека такви инциденти наводно се случувале во текот на футбалски натпревари но, воочува дека неодамнешното усвојување на Законот бр. 41/2007, насловен ‘Итни мерки за спречување и казнување на случаи на насилство во текот на футбалски натрпевари’. (чл. 12, 13 и 16)
Комитетот и препорачува на државата договорничка да преземе ефикасни мерки за:
(a) Да испрати јасна и недвосмислена препорака на сите нивоа на хиерархија на полициските сили и на затворскиот персонал дека тортура, насилство и малтретирање се неприфатливи, вклучително и преку воведување Кодекс за постапување за сите службени лица;
(б) Да гарантира дека тие кои ќе пријават напади од страна на службеници за спроведување на правото се заштитени од заплашување и можна освета заради таквите пријави; и
(в) Да гарантира дека службеници за спроведување на правото користат сила само кога е нужно во онаа мерка која е потребна за извршување на нивната должност.
Понатаму, државата договорничка треба да го извести Комитетот за напредокот на судските и дисциплинските постапки поврзани со гореспоменатите инциденти.
18. Комитетот е загрижен за известувањата дека службеници за спроведување на правото не носеле значки за идентификација во текот на демонстрациите во врска со Г8 самитот во Џенова заради што било невозможно тие да бидат идентификувани во случај на жалба за тортура или малтретирање (чл. 12 и 13).
Државата договорничка треба да осигура дека сите службеници за спроведување на правото кои се на должност се опремени со видливи значки за идентификација за да се осигура индивидална одговорност и заштита против тортура, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.
Брзи и непристрасни истраги
19. Комитетот е загрижен во врска со повеќето наводи за малтретирање од страна на службите за спроведување на правото, ограничениот број на истражни постапки спроведени од државата договорничка во таквите случаи, и многу малиот број на осуди во тие случаи за кои имало истрага. Комитетот со загриженост воочува дека кривичното дело тортура, кое како такво не постои во италијанскиот Кривичен законик, може во определени случаи да застари. Комитетот смета дека актите на тортура не можат да бидат предмет на правилата за застарување и ја поздравува изјавата на делегацијата на државата договорничка дека се размислува за измена на одредбите за застарување (чл. 1, 4, 12 и 16).
Комитетот препорачува дека државата договорничка би требала:
(a) Да ги зајакне мерките за да гарантира брза, непристрасна и ефикасна истрага за сите наводи за тортура и малтретирање извршени од службеници за спроведување на правото. Посебно, таквите истраги не би требало да се преземаат од или под овластување на полицијата, туку од страна на независно тело. Во врска со прима фацие случаи на тортура и малтретирање, осомничениот по правило би требало да биде предмет на суспензија или распоредување на друго работно место во текот на истрагата, особено ако постои ризик дека тој или таа би можел/а да ја попречува истрагата;
(б) Да им суди на извршителите и да изрече соодветни казни на тие што се осудени со цел да елеминира неказнивост на персоналот за спроведување на правото кој е одговорен за повреди кои се забранети со Конвенцијата, и
(в) Да ги преразгледа правилата и одредбите за застарување и да ги усогласи во потполност со своите обврски од Конвенцијата за да актите на тортура како и обидите за вршење на тортура и актите на секое лице кои претставуваат соучесништво или учество во тортура, можат да бидат предмет на истрага, да бидат кривично гонети и казнети без можност за застарување.“
ПРАВО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 2 ОД КОНВЕНЦИЈАТА ВО НЕГОВИОТ МАТЕРИЈАЛЕН АСПЕКТ
157. Жалителите се жалеа дека Carlo Giuliani бил убиен од страна на службите за спроведување на правото и дека властите не го заштитиле неговиот живот. Тие се повикаа на член 2 од Конвенцијата, кој предвидува:
„1. Правото на живот на секој човек е заштитено со закон. Никој не може намерно да биде лишен од живот, освен во извршување на смртна казна, изречена со судска пресуда, со која е прогласен за виновен за кривично дело кое, според законот, се казнува со таква казна.
2. Се смета дека одредбите на овој член не се повредени доколку смртта настапила како резултат на апсолутно потребна употреба на сила:
а. во одбрана на секој поединец од незаконско насилство;
б. при апсење според закон или спречување на бегство на лице уапсено врз основа на закон;
в. при законско спречување на немир или бунт. „
A. Дали употребата на сила со смртоносни последици била оправдана
158. Жалителите најпрво тврдеа дека во конкретните околности на случајот употребата на сила со смртоносни последици од страна на M.P. не била „апсолутно потребна“ за постигнување на целите кои се наброени во вториот параграф на член 2 од Конвенцијата. Владата го оспори тој аргумент.
1. Аргументи на странките
(а) Жалителите
159. Жалителите нагласија дека тие никогаш не ја прифатиле „теоријата на посреден предмет“. Според нивниот вештак, г-н Gentile, куршумот не се распаднал кога го погодил телото на жртвата (види параграф 64 погоре). Сепак, со оглед на тоа што куршумот не бил достапен и ниту формата ниту димензиите на „посредниот предмет“ биле познати, невозможно било да се формулира научна хипотеза за видот на судирот во кој куршумот бил вклучен во неговата траекторија и да се тврди дека тој се одбил од тој предмет. Понатаму, другите вештаци назначени од жалителите сметале дека каменот се скршил при судир со џипот, а не заради куршумот испукан од M.P. (види параграф 65 погоре).
160. Според жалителите, животите на лицата во џипот не биле во опасност, затоа што џипот за кој стануваа збор бил Дифендер џип, модел кој, дури и без оклоп, бил доволно отпорен. Понатаму, бројот на демонстранти кој бил видлив на сликите не бил повеќе од дузина. Демонстрантите немало смртоносни оружја и не го опколиле џипот; аудио-визуелниот материјал покажувал дека немало демонстранти лево од и пред возилото. Како што било докажано со фотографиите, имало штит за немири во џипот. M.P. носел панцир и имал два шлема кои можел да ги употреби. На крај, имало други службеници за спроведување на правото во околината и немало доказ дека повредите на кои M.P. и D.R. се жалеле, биле претрпени во текот на настаните.
161. Според извештајот од аутопсијата (види параграф 50 погоре) и како што можело да се изведе од изјавите на M.P., тој пукал надолу. Кога тој бил испитан ан 20 јули 2001 од претставници на канцеларијата на јавниот обвинител во Џенова, M.P. изјавил дека немало никој во неговото видно поле кога тој го насочил својот пиштол; тој бил свесен за камењата кои биле фрлани врз него и за присуството на напаѓачите кои не можел да ги види (види параграф 36 погоре). Во тие околности тешко било да се замисли како M.P. би можел да делува во нужна одбрана во одговор на постапките на Carlo Giuliani, кога тој не можел да гледа. Со оглед на тоа што ниту Carlo Giuliani, ноту другите демонстранти биле вооружени, реакцијата на M.P. не можело да се каже дека била пропорционална.
162. Понатаму, изјавите на M.P. биле контрадикторни. Првите два пати кога бил испитан (на 20 јули и 11 септември 2001 – види параграфи 36 и 39 погоре), тој изјавил дека тој не го видел Carlo Giuliani и не кажал дека тој пукал нагоре (тоа, според жалителите, значело премолчено признание, дека тој пукал во висината на гради). Сепак, на рочиштето од 1 јуни 2007 во текот на „судењето на дваесет и петмината“, тој изјавил дека тој пукал со неговата рака во воздух; тоа било спротивно со фотографијата која била изведена како доказ од одбраната на која се гледал тој како го насочува оружјето во висина на гради, во надолен агол и од хоризонтала. На крај, во текот на телевизиско интервју емитувано на 15 ноември 2007, M.P. изјавил дека тој „се обидел да пука колку што е можно повисоко во воздух“, дека тој не нишанел кон Carlo Giuliani и дека никогаш не бил добар во пукање. Тој дополнил дека тој бил испратен на Г8 во Џенова како замена за колега кој не сакал да оди таму.
163. На крај, жалителите тврдеа дека M.P. не издал јасни предупредувања за неговата намера да го употреби неговото огнено оружје и дека на некои од фотографиите направени во текот на настаните се гледало дека штит за немири се користел како заштита на местото од едно од скршените стакла на џипот.
(б) Владата
164. Владата тврдеше дека не било задача на Судот да се сомнева во заклучоците од истрагата и заклучоците на националните судии. Затоа, одговорот – негативен – на прашањето дали домашните власти не ја исполниле нинвата должност да го заштитат живтот на Carlo Giuliani се наоѓал во предлогот за сопирање на постапката. Во поддршка на овие тврдења Владата се повика на Grams v. Germany ((dec.), no. 33677/96, ECHR 1999‑VII) и на мислењето на судиите Thomassen и Zagrebelsky кои делумно не се согласувале со мнозинството на судии во Ramsahai and Others v. the Netherlands (no. 52391/99, 10 November 2005), и побара од Судот да го следи тој пристап.
165. Немало намерно лишување од живот во конкретниот случај, ниту имало каква било „прекумерна употреба на сила“. Понатаму, немало причинска врска помеѓу истрелот испукан од страна на M.P. и смртта на Carlo Giuliani. Иако истражниот судија, во нејзината одлука за затворање на случајот, ги применила членовите 52 и 53 од КЗ, таа не ја занемарила исклучителната и непредвидлива околност дека куршумот се одбил после судир со камен, околност која била оцената од гледна точка на пропорционалност. Владата заклучила од тоа дека одлуката за сопирање на постапката го ослободила од вина M.P. врз основа на тоа што причинската врска помеѓу истрелот и смртта на Carlo Giuliani била прекината од судиот помеѓу куршумот и каменот и скршнувањето од траекторијата на истрелот.
166. Според истражниот судија, M.P. делувал на негова сопствена иницијатива, во состојба на паника и во ситуација во која имал валидни причини да верува дека постоела сериозна и претстојна закана за неговиот сопствен живот или физички интегритет. Понатаму, M.P. не нишанел кон Carlo Giuliani или кон било кој друг. Тој пукал нагоре, во насока која не значела ризик дека ќе погоди некого. Смртта на Carlo Giuliani не била намерна ниту директна последица на употребата на сила, и силата употребена не била потенцијално смртоносна (Владата се повика, посебно, на Scavuzzo‑Hager and Others v. Switzerland, no. 41773/98, §§ 58 and 60, 7 February 2006, и Kathleen Stewart v. the United Kingdom, no. 10044/82, Commission decision of 10 July 1984, Decisions and Reports (DR) 39).
167. Вештаците на двете странки се согласиле во однос на фактот дека куршумот веќе бил фрагментиран кога ја погодил жртвата. Можностите изнесени од жалителите за да објаснат зошто куршумот бил распаднат – како резултат на обработка со цел да се зголеми неговиот капацитет да се распрсне, или заради фабричка грешка – биле сметани и од самите жалители дека се „многу помалку веројатни“ (види параграфи 64, 71 и 81 погоре), не можеле дадат валидно објаснување. Фактот што било невозможно да се идентификува посредниот предмет било детал кој не можел да има решавачко влијание врз заклучоците од истрагата.
168. Како алтернатива, Владата тврдеше дека употребата на сила со смртоносни последици била „апсолутно потребна“ и „пропорционлна“. Таа посебно ги нагласи следните елементи: степенот и широката распространетост на насилството кои ги обележале демонстрациите; силата на нападот на демонстрантите врз контингентот на карабињери непосредно пред настаните за кои станува збор и врвот на насилството во тој момент; физичката и менталната состојба на секој од засегнатите карабињери; посебно M.P. , премногу краткото траење на настаните; од нападот врз возилото до моментот кога фаталниот истрел бил испукан; фактот што M.P. испукал само два истрели и ги насочил нагоре; веројатноста дека M.P. не можел да ја види жртвата кога го испукал истрелот или, во најдобар случај, можел само неопределено да го види на крајот од неговото видно поле; и повредите кои ги претрпеле M.P. и D.R.
169. Според тврдењето на Владата, не било докажано дека фотографијата на која се гледа пиштол како стрчи од задното стакло на џипот претставувала позиција на оружјето во моментот кога истрелите биле испукани, M.P. го повлекол неговото оружје најмалку неколку секунди пред пукањето, и само дел од секунда бил потребен да ја помрдне раката за неколку сантиметри или да го промени аголот на пукање за неколку степени. Фотографијата за која станува збор, затоа, не обезбедувала доказ дека M.P. бил одговорен за смртта на Carlo Giuliani и не можела да служи за да се собори хипотезата за непредвидлив несреќен случај.
170. Било објективно невозможно органите на прогонот да ја утврдат психолошката состојба на M.P. и неговите точни намери, со оглед на збрката и состојбата на паника во времето на настаните. Опремата на M.P. се состоела од униформа издадена за вршење на должности за одржување на јавниот ред, два шлема со штитник, ранец, шест големи бомби со солзавец, гас-маска и пиштол Берета и магазин со муниција. Според Министерството за внатрешни работи, не можело да се утврди дали имало штит за немири во џипот.
171. M.P. немал друга опција освен да пука, затоа што положбата на возилото била таква да бегство било невозможно. Понатаму, карабињерите во џипот не можеле да повикаат помош со оглед на нивната панична состојба, агресивните намери на демонстрантите и брзината со која се одвивале настаните. Во секој случај, не би имало време за да пристигне помош, со оглед на далечината и фактот што службите за спроведување на правото морале да се прегрупираат и самите биле вклучени во судир со демонстрантите. Владата се повика на аудио-визуелниот материјал поднесен пред Судот, кој според неа покажувал дека ако M.P. не го употребел неговиот пиштол, насилниот напад од околу седумдесет демонстранти врз возилото со карабињери би завршил со смрт за едно од лицата кои биле во него.
172. Предлогот на јавниот обвинител за сопирање на постапката бил заснован врз сите тие фактори и на принципт favor rei: според италијанското право, кога имало сомнежи и се чинело невозможно да се изведе случајот пред суд, и не било веројатно дека судењето би додало било што значително за доказите, постапката морала да биде сопрена.
2. Пресудата на Судскиот совет
173. Судскиот совет одлучи дека употребата на сила не била непропорционална. Овој заклучок беше воглавно заснован на прифаќањето на Судскиот совет на образложението на истражниот судија дадено во нејзината одлука за сопирање на постапката, за која Судскиот совет сметал дека била заснована на детална анализа на сведочењето на сведоци и достапниот фотографски и аудио-визуелен материјал. Судскиот совет дополнил дека, пред да пука, M.P. го држел оружјето во неговата рака на начин да тоа било видливо за лицата надвор од џипот (види параграфи 214-227 од пресудата на Судскиот совет).
2. Оцена на Судот
(a) Општи принципи
174. Судот повторува дека членот 2 е една од најфундаменталните одредби од Конвенцијата, одредба од која, во време на мир, не е дозволена никава дерогација врз основа на член 15. Заедно со членот 3, ја гарантира една од основните вредности на демократските општества од кои е составен Советот на Европа (види, помеѓу многу други претходни одлуки, Andronicou and Constantinou v. Cyprus, 9 October 1997, § 171, Reports of Judgments and Decisions 1997‑VI, и Solomou and Others v. Turkey, no. 36832/97, § 63, 24 June 2008).
175. Исклучоците наведени во вториот параграф покажуваат дека член 2 се применува, но, не се однесува само на убивање со намера. Текстот на член 2, земен како целина, покажува дека вториот параграф не ги дефинира пред сѐ случаите во кои е дозволено да се убие некое лице, туку ги опишува ситуациите кога е дозволено да „се употреби сила“ која може да резултира, како непланиран исход, со лишување од живот. Употребата на сила, сепак, не смее да биде повеќе од „апсолутно потребна“ за постигнување на една од целите наведени во подпараграфите (a), (б) или (в) (види McCann and Others v. the United Kingdom, 27 September 1995, § 148, Series A no. 324, и Solomou and Others, цитиран погоре, § 64).
176. Употребата на терминот „апсолутно потребна“ означува дека мора да се примени построг и поубедлив тест на неопходност од тој кој вообичаено е применлив при утврдувањето дали акцијата на државата е „неопходна во демократско општество“ според параграф 2 од членовите 8 до 11 од Конвенцијата. Посебно, употребената сила мора да биде стриктно пропорционална на постигнувањето на целите наведени во подпараграфите 2 (a), (б) и (в) од членот 2. Понатаму, постапувајќи во согласност со важноста на оваа одредба во демократско општество, Судот мора, кога ја врши својата оцена, да ги подложи на највнимателно разгледување, особено кога е употребена сила со смртоносни последици намерно, земајќи ги во предвид не само постапките на службените лица на државата, кои ја употебуваат силата во пракса туку исто така и сите други околности, вклучително и прашања како што е планирањето и контролата на акциите кои се разгледуваат (види McCann and Others, цитиран погоре, §§ 147-150, и Andronicou and Constantinou, цитиран погоре, § 171; види исто така Avşar v. Turkey, no. 25657/94, § 391, ECHR 2001‑VII, и Musayev and Others v. Russia, nos. 57941/00, 58699/00 and 60403/00, § 142, 26 July 2007).
177. Околностите во кои лишувањето од живот може да биде оправдано мора да бидат толкувани строго. Предметот и целта на Конвенцијата како инструмент за заштита на поединечни човечки суштества исто така наложуваат членот 2 да биде толкуван и применуван на начин да се направат неговите заштитни механизми практични и ефикасни (види Solomou and Others, цитиран погоре, § 63). Посебно, Судот има одлучено дека на отворањето на оган треба, секогаш кога е возможно, да му претходат предупредувачки истрели (види Kallis and Androulla Panayi v. Turkey, no. 45388/99, § 62, 27 October 2009; види исто така, особено, параграф 10 oд Принципите на ОН, параграф 154 погоре).
178. Употребата на сила од страна на овластени службени лица на државата за остварување на една од целите наведени во вториот параграф на член 2 од Конвенцијата може да биде оправдана според оваа одредба кога е заснована на искрено уверување кое се смета, со причина, дека е валидно во тој момент но, кое покасно се покажува како погрешно. Да се заклучи поинаку би значело да се наметне нереален товар врз државата и нејзиниот персонал за спроведување на правото во извршувањето на нивната должност, можеби на штета на нивните животи и на животите на другите (види McCann and Others, цитиран погоре, § 200, and Andronicou and Constantinou, цитиран погоре, § 192).
179. Кога треба да испита дали употребата на сила со смртоносен исход била легитимна, Судот, кој е оддалечен од настаните за кои станува збор, не може да ја замени својата оцена на ситуацијата со таа на службеното лице кое било обврзано да реагира во самиот момент за да отстрани искрено претпоставена опасност по неговиот живот (види Bubbins v. the United Kingdom, no. 50196/99, § 139, ECHR 2005‑II).
180. Судот мора исто така да биде внимателен во преземањето на улогата на суд од прв степен во однос на фактите, кога тоа не е неизбежно врз основа на околностите на конкретен случај (види, на пример, McKerr v. the United Kingdom (dec.), no. 28883/95, 4 April 2000). По правило, кога имало домашна постапка, не е задача на Судот да ја замени неговата оцена на фактите со таа на домашните судови и тие треба да ги утврдат фактите врз основа на доказите кои се пред нив (види, помеѓу многу други претходни одлуки, Edwards v. the United Kingdom, 16 December 1992, § 34, Series A no. 247‑B, и Klaas v. Germany, 22 September 1993, § 29, Series A no. 269). Иако Судот не е обврзан од заклучоците на домашните судови и останува слободен да направи негова сопствена процена во светло на целокупниот материјал кој го има, во нормални околности потребни се убедливи елементи да го натераат да отстапи од заклучоците во однос на фактите до кои дошле домашните судови (види Avşar, цитиран погоре, § 283, и Barbu Anghelescu v. Romania, no. 46430/99, § 52, 5 October 2004).
181. За да ги оцени фактичките докази, Судот го применува стандардот на докажување надвор од разумното сомневање [“beyond reasonable doubt”], но, додава дека тој стандард може да произлезе од истовременото постоење на доволно силни, јасни и усогласени претпоставки или слични несоборени фактички претпоставки. Во овој контекст, однесувањето на странките кога се собирале доказите може исто така да биде земено во предвид (види Ireland v. the United Kingdom, 18 January 1978, § 161, Series A no. 25, и Orhan v. Turkey, no. 25656/94, § 264, 18 June 2002). M
Понатаму, степенот на убедување кој е потребен за да се дојде до определен заклучок и, во врска со тоа, поделбата на товарот на докажување се нераскинливо врзани со специфичноста на фактите, видот на наводот и правото од Конвенцијата кое е во прашање. Судот исто така е внимателен во однос на сериозноста која и ја дава на одлуката дека држава договорничка повредила фундаментални права (види Ribitsch v. Austria, 4 December 1995, § 32, Series A no. 336; Ilaşcu and Others v. Moldova and Russia [GC], no. 48787/99, § 26, ECHR 2004‑VII; Nachova and Others v. Bulgaria [GC], nos. 43577/98 and 43579/98, § 147, ECHR 2005‑VII; и Solomou and Others, цитиран погоре, § 66).
182. Судот мора да биде особено внимателен во случаи каде има наводи за повреди на членовите 2 и 3 од Конвенцијата (види, mutatis mutandis, Ribitsch, цитиран погоре, § 32). Кога имало кривична постапка пред домашните судови во однос на таквите наводи, мора да се има на ум дека одговорноста според кривичниот закон се разликува од одговорноста на државата врз основа на Конвенцијата. Надлежноста на Судот е ограничена на втората одговорност. Одговорноста врз основа на Конвенцијата е заснована врз одредбите на самата Конвенција кои треба да се толкуваат во светло на предметот и целта на Конвенцијата, земајќи ги во предвид сите релевантни правила и принципи на меѓународното право. Одговорноста на државата според Конвенцијата, која произлегува за акти на нејзините органи, службени лица и службеници, не треба да се меша со домашните правни прашања на индвидуална кривична одговорност која се разгледува од домашните кривични судови. Судот не е засегнат со доаѓање до какви било заклучоци во однос на вината или невиноста во таа смисла (види Tanlı v. Turkey, no. 26129/95, § 111, ECHR 2001‑III, and Avşar, цитиран погоре, § 284).
(б) Примена на тие принципи во конкретниот случај
183. Судот смета дека е соодветно да ја започне неговата анализа врз основа на следните факти, кои не се спорни помеѓу странките. На 20 јули 2001, во текот на денот, се случиле бројни судири помеѓу демонстрантите и службите за спроведување на правото: посебно, бил нападнат затворот Марази (види параграф 134 погоре), карабињерите ги нападнале учесниците на маршот на Tute Bianche (види параграфи 18-19, 122-124 и 132-136 погоре) и оклопно возило кое им припаѓало на карабињерите било запалено (види параграф 20 погоре). После овие инциденти, околу 17 часот, кога ситуацијата била релативно мирна, батаљон на карабињери зазел позиции на плоштадот Алимонда, каде биле лоцирани два Дифендер џипови, во еден од џиповите, биле двајца карабињери, M.P. and D.R., кои не биле способни да останат на должност (види параграфи 21, 23 и 29 погоре).
184. Набрзо потоа, карабињерите ги напуштиле нивните позиции за да се соочат со група на агресивни демонстранти; џиповите ги следеле карабињерите. Сепак, карабињерите биле принудени брзо да се повлечат затоа што демонстрантите успеале да го одвратат туркањето. Џиповите тогаш се обиделе да се вратат назад, но, на еден од нив во кој биле M.P. и D.R. му бил блокиран патот со превртен контејнер и не можел брзо да го напушти местото затоа што моторот му се исклучил (види параграфи 21-22 погоре).
185. Ова е еден од оние ретки случаи во кои моментите до и после употребата на сила со смртоносен исход од страна на овластено службено лице биле фотографирани и снимени. Затоа, Судот мора да придаде значителна важност на видео-снимките кои беа доставени од странките (види параграфи 9 и 139 погоре) а чија автентичност не беше доведена во прашање.
186. Тие снимки и фотографиите во предметот покажуваат дека, веднаш штом бил попречен со контејнерот, џипот кој го возел F.C. бил нападнат и барем делумно опколен од демонстранти, кои започнале несопирлив напад врз возилото и лицата кои биле во него, наведнувајќи го странично и фрлајќи камења и други тврди предмети. Задното стакло на џипот било распарчено и противпожарен апарат бил фрлен во возилото, а кој M.P. успеал да го одбие. Снимките и фотографиите исто така покажуваат еден демонстрант како пробива дрвена штица преку страничното стакло, предизвикувајќи повреди на рамото на D.R., другиот карабињер кој бил ослободен од должност (види параграф 84 погоре).
187. Ова било прилично јасно незаконски и многу насилен напад врз возилото на службите за спроведување на правото кое само се обидувало да го напушти местото и не претставувало закана за демонстрантите. Какви и да биле намерите на демонстрантите кон возилото и/или лицата во него, останува како факт дека можноста за линч не може да биде исклучена, како што посочил Окружниот суд во Џенова (види параграф 128 погоре).
188. Судот повторува дека во тој поглед потребата да се разгледаат настаните од гледна точка на жртвите на нападот во времето на настаните (види параграф 179 погоре). Точно е, на пример, дека други карабињери биле позиционирани во близина кои можеле да интервенираат за да им помогнат на лицата во џипот ако ситуацијата се влошела уште повеќе. Сепак, тој факт не можел да го знае M.P., кој, повреден и обземен од паника, лежел во задниот дел од возилото опколен од голем број на демонстранти и кој затоа не можел да има јасен поглед на позициите на трупите на теренот или за логистичките опции кои им биле достапни. Како што покажуваат снимките, кратко пред фаталниот истрел џипот бил целосно оставен на милост на демонстрантите.
189. Во светло на горенаведеното, и земајќи го во обзир екстремно насилниот карактер на нападот врз џипот, како што може да се види од снимките кои беа гледани, Судот смета дека делувал со искрено уверување дека неговиот живот и физички интегритет, како и тие на неговите колеги, биле во опасност од незаконскиот напад на кој тие биле подложени. M.P. затоа бил овластен да употреби соодветни средства за да се одбрани себеси и другите лица кои се наоѓале во џипот.
190. Фотографиите покажуваат, а изјавите дадени од M.P. и некои од демонстрантите докажувват (види параграфи 36, 39 и 45 погоре), дека пред да пука, M.P. го покажал неговиот пиштол вадејќи ја раката надвор во насока на задното стакло на џипот, и им викнал на демонстрантите да си заминат освен ако не сакаат да бидат убиени. Според мислењето на Судот, постапките и зборовите на M.P. претставувале јасно предупредување дека тој ќе отвори оган. Дотолку повеќе, фотографиите покажуваат најмалку еден демонстрант кој се оддалечува од местото токму во тој момент.
191. Во оваа екстремно напната ситуација Carlo Giuliani одлучил да подигне противпожарен апарат кој бил фрлен на земјата, и го подигнал во висина на гради со очигледна намера да го фрли врз лицата во возилото. Неговите постапки основано можеле да бидат толкувани од страна на M.P. како индикација дека, и покрај неговите предупредувања и фактот дека тој го покажал неговиот пиштол, нападот врз џипот нема наскоро да запре или да биде со намален интензитет. Понатаму, мнозинството на демонстранти се чини дека продолжиле со нападот. Искреното уверување на M.P. дека неговиот живот бил во опасност можело како последица на тоа само да биде зацврстено. Според мислењето на Судот, тоа служело како оправдување за посегнувањето кон потенцијално смртоносни средства за одбрана како што е пукањето на истрели.
192. Судот понатаму воочува дека насоката на истрелите не била со сигурност утврдена. Според една теорија, подржана од вештаците на органите на прогонот (види параграфи 60-62 погоре), која била оспорена од вештаците на жалителите (види параграфи 80 и 152 погоре) но, прифатена од истражниот судија во Џенова (види параграфи 87-91 погоре), M.P. пукал нагоре и еден од куршумите ја погодил жртвата откако случајно се одбил од еден од бројните камења кои ги фрлале демонстрантите. Ако се докажело дека настаните се случиле на овој начин, ќе морало да се заклучи дека смртта на Carlo Giuliani била последица на несреќен случај, редок и непредвидлив настан кој довел до тоа тој да биде погоден од куршум кој без тоа би исчезнал во воздухот (види, посебно, Bakan v. Turkey, no. 50939/99, §§ 52-56, 12 June 2007, во кој Судот исклучи постоење на повреда на член 2 од Конвенцијата, одлучувајќи дека фаталниот куршум се одбил пред да го погоди роднината на жалителите).
193. Сепак, во конкретниот случај Судот не смета дека е потребно да ја утврди основаноста на „теоријата на посреден предмет“, за која постоело несогласување помеѓу вештаците кои ја спровеле третата серија на балистички испитувања, вештаците на жалителите и наодите од извештајот од аутопсијата (види параграфи 60-62, 66 и 50 погоре). Тој само забележува дека, како што правилно посочила истражниот судија од Џенова (види параграф 92 погоре), и како што се гледа од фотографиите, видното поле на M.P. било ограничено од резервното тркало на џипот, затоа што тој бил во полулежечка положба или бил клекнат на подот на возилото. Со оглед на тоа што, и покрај неговите предупредувања, демонстрантите продолжиле со нивниот напад и дека опасноста со која бил соочен – посебно, изгледен втор обид за фрлање на противпожарниот апарат врз него – била претстојна, M.P. можел само да пука, со цел да се заштити себеси, во тесниот простор помеѓу резервното тркало и покривот на џипот. Фактот што истрелот испукан во тој простор носел ризик за предизвикување на повреда на еден од напаѓачите, или да го убие, како што за жал и се случило, не значи по себе дека одбранбената постапка била прекумерна или непропорционална.
194. Во светло на горенаведеното, Судот заклучува дека во конкретниот случај употребата на сила со смртоносен исход била апсолутно потребна „во одбрана на секој поединец од незаконско насилство“ во смисла на член 2 § 2 (a) од Конвенцијата (види параграф 176 погоре).
195. Следува дека во овој поглед немало повреда на член 2 во неговиот материјален аспект.
196. Овој заклучок го правн непотребно разгледувањето на Судот дали употребата на сила била исто така и неизбежна „при законско спречување на немир или бунт“ во смисла на подпараграф (в) од вториот параграф на членот 2.
Б. Дали тужената држава ги презела неопходните законски, административни и регулаторни мерки за колку што е можно повеќе да се намалат штетните последици од употребата на сила
197. Како и пред Судскиот совет, жалителите исто така се жалеа на пропустите во домашната законска рамка. Владата ги оспори овие аргументи. Судскиот совет не одлучи по овие прашања.
1. Аргументи на странките
(a) Жалителите
198. Жалителите се жалеа на непостоењето на законска рамка со која може да се заштитат животите на демонстрантите. Според нив, домашното право ја правело неизбежна употребата на огнено оружје, како што било покажано од фактот дека случајот бил затворен затоа што постапките на M.P. спаѓале во опсегот на членовите 52 и 53 од КЗ. Според судската пракса на Судот, несоодветна законска рамка ја намалувала заштитата на правото на живот која е обврзна во демократско општество. Жалителите му обрнаа внимание на Судот посебно на следните точки:
(i) Пропуштање да се опреми персоналот за спроведување на правото со несмртоносни оружја
199. Жалителите нагласија дека M.P. не би можел да убие никого ако му било доделено несмртоносно оружје како што е пиштол со гумени куршуми (тие се повикаа на Güleç v. Turkey, 27 July 1998, § 71, Reports 1998‑IV, and Şimşek and Others v. Turkey, nos. 35072/97 and 37194/97, § 111, 26 July 2005). Огромната важност на почитувањето на човечкиот живот и обврската да се минимизира ризикот по животот значеле дека персоналот за спроведување на правото треба да се опремени со несмртоносни оружја (како што се електрични пиштоли, термопластични пиштоли [glue guns] или пиштоли со гумени куршуми) во текот на демонстрации, како што било случај во Обединетото Кралство и исто така на Г20 самитот во Питсбург. По ова прашање, жалителите се повикаа на параграф 2 од Принципите на ОН (види параграф 154 погоре), воочувајќи дека во конкретниот случај лесно било да се предвиди дека ќе дојде до нереди. Берета СБ девет милиметарскиот парабелум пиштол со кој бил опремен M.P. бил полуавтоматски пиштол класификуван како оружје за борба според италијанското законодавство: штом бил еднаш наполнет, не морало да биде повторно наполнет за следните пукања и дозволувал петнаесет истрели да бидат испукани во неколку секунди, брзо и со висок степен на прецизност.
200. Во текот на парламентрната истрага Владата изјавила дека законодавството во сила не дозволувало употреба на несмртоносни оружја како што се пиштоли со гумени куршуми (види параграфи 118-119 погоре). Ова тврдење било неточно, затоа што тие оружја биле посебно предвидени во правилата издадени на италијанските сили во Ирак, кои имале задача да го спроведуваат законот и редот во воена зона.
201. Понатаму, иако било точно дека гумените куршуми можеле да бидат опасни во некои околности, тие не можеле да се споредат со вистинска муниција (жалителите се повикаа, посебно на Kathleen Stewart, цитиран погоре, § 28). Жалителите исто така изјавија дека некои карабињери употребувале оружја кои биле непрописни како што се метални палки.
(ii) Отсуство на соодветни одредби во италијанското право со кои се регулира употребата на смртоносни оружја во текот на демонстрации
202. Жалителите забележаа дека релевантните одредби за употреба на сила од страна на персоналот за спроведување на правото биле член 53 од КЗ и член 24 од Законот за јавна безбедност (види параграфи 143 и 146 погоре). Тие одредби, донесени во 1930 и 1931, во текот на ерата на фашизмот, не биле спојливи со најновите меѓународни стандарди или со либералните правни принципи. Тие биле симптом на авторитаризам кој бил владејачки систем во тоа време. Посебно, концептите на „неопходност“ која ја прави легитимна употребата на оружје и „употребата на сила“ не биле еквивалентни со приниципте кои се развиле од судската пракса од Стразбур, која била заснована на „апсолутна потреба“.
203. Понатаму, според член 52 од КЗ, концептот на нужна одбрана важел кога „одбранбената реакција [била] пропорционална на нападот“. Тоа не било во никој случај еквивалентно на изразите „потполно неизбежно за да се заштити животот“ и „потполно пропорционално [на околностите]“ кои постоеле во судската пракса на Судот.
204. Понатаму, немало јасни прописи во Италија кои биле во согласност со меѓународните стандарди во однос на употребата на огнено оружје. Ниту една од од службените инструкции од questore од Џенова поднесени од Владата не го регулирале ова прашање. Жалителите се повикаа посебно на Принципите на ОН (види параграф 154 погоре), и посебно на обврската на владите и службите за спроведување на правото да усвојат и имплементираат правила и прописи во оваа област (параграф 1). Тие понатаму се повикаа на параграф 11, кој ја прецизира потребната содржина на таквите правила и прописи.
(б) Владата
205. Владата забележа најпрво дека италијанското право не дозволувало користење на гумени куршуми. Тие можеле да предизвикаат смрт ако се испукани од оддалеченост помала од педесет метри (Владата се повика на Kathleen Stewart, цитиран погоре). Во случајот кој е сега предмет на разгледување, оддалеченоста помеѓу M.P. и Carlo Giuliani била помала од еден метар, што значело дека дури и гумен куршим би бил фатален. Експериментите со „несмртоносно“ оружје и муниција спроведени во осумдесеттите биле прекинати после инциденти кои докажале дека со нив може да се убива или предизвика тешка повреда. Понатаму, гумените куршуми би ги охрабриле службените лица да употребат оружје погрешно верувајќи дека тие не би предизвикале штета.
206. Во секој случај, оружјата со вистинска муниција биле предвидени за лична одбрана во случај на претстојна и сериозна опасност и не биле користени за цели на одржување на јавниот ред: персоналот за спроведување на правото во Италија не пукал кон толпа, ниту со вистинска муниција ниту со гумени куршуми. Несмртоносните оружја биле предвидени за употреба против голема толпа со цел да се одговори на масивен напад од страна на демонстранти или за да се растераат. Во конкретниот случај, на службите за спроведување на правото во ниту еден момент не им било наредено да пукаат и нивната опрема била со цел за нивна лична заштита.
207. Не биле усвоени конкретни одредби за употреба на огнено оружје воочи Г8 самитот, но циркуларни писма на високата команда на карабињерите се повикувале на одредбите на КЗ.
3. Оцена на Судот
(a) Општи принципи
208. Член 2 § 1 и наложува на државата не само да се воздржи од намерно и незаконско одземање на живот, туку исто така и да преземе соодветни мерки за да ги штити животите на тие кои се под нејзина надлежност (види L.C.B. v. the United Kingdom, 9 June 1998, § 36, Reports 1998‑III, и Osman v. the United Kingdom, 28 October 1998, § 115, Reports 1998‑VIII).
209. Главната должност на државата да го заштити правото на живот вклучува, посебно, востановување на соодветна законска и административна рамка со која се дефинират ограничените околности во кои службениците за спроведување на правото можат да употребат сила и огнено оружје, во светло на сите релевантни меѓународни стандарди (види Makaratzis v. Greece [GC], no. 50385/99, §§ 57-59, ECHR 2004‑XI, и Bakan, цитиран погоре, § 49; види ги исто така релевантните параграфи на Принципите на ОН, параграф 154 погоре). Во согласност со приницпот на потполна пропорционалност инхерентен во член 2 (види параграф 176 погоре), домашната правна рамка мора да ја направи употребата на огнено оружје зависна од внимателна оцена на ситуацијата (види, mutatis mutandis, Nachova and Others, цитиран погоре, § 96). Понатаму, националниот закон кој регулира операции на полициско работење мора да обезбеди систем на адекватни и ефикасни заштитини механизми против арбитрерност и злоупотреба на сила и дури и при несреќен случај кој можел да се избегне (види Makaratzis, цитиран погоре, § 58).
210. Применувајќи ги тие принципи, Судот, на пример, ја има карактеризирано како недоволна бугарската правна рамка која и дозволувала на полицијата да пука кон секој припадник на оружените сили кој бега а кој не се предал веднаш после усно предупредување и пукање на предупредувачки истрел во воздух, без да содржи било какви јасни заштитни механизми за спречување на арбитрерно лишување од живот (види Nachova and Others, цитиран погоре, §§ 99-102). Судот исто така утврдил недостатоци во турската правна рамка, усвоена во 1934, во која биле наброена широка листа на ситуации во кои полициски службеник можел да употреби огнено оружје без да сноси одговорност за последиците (види Erdoğan and Others v. Turkey, no. 19807/92, §§ 77-78, 25 April 2006). Oд друга страна, одлучил дека пропис во кој се наведува исцрпна листа на ситуации во кои жандармите можат да употребат огнено оружје е компатибилен со Конвенцијата. Прописот прецизирал дека употребата на огнено оружје требало да биде крајна мерка и морало да и претходат предупредувачки истрели, пред да бидат испукани истрели кон нозе или неселективно (види Bakan, цитиран погоре, § 51).
(б) Примена на тие принципи во конкретниот случај
211. Судот воочува дека истражниот судија од Џенова сметала дека легитимноста н употребата на сила од страна на M.P. треба да се оцени во светло на членовите 52 и 53 од КЗ. Затоа смета дека тие одредби претставувале, во конкретниот случај, правната рамка со која се дефинираат околностите во кои користењето на огнено оружје било дозволено.
212. Првата од овие одредби се основите за оправдување нанужна одбрана, вообичаен концепт во правните системи на државите договорнички. Таа се повикува на „потреба“ за одбранбена постапка и „вистинскиот“ карактер на опасноста, и наложува одбранбената реакција да биде пропорционална на нападот (види параграф 114 погоре). Иако термините употребени не се идентични, оваа одредба ја отсликува формулација на член 2 од Конвенцијата и ги содржи елементи кои ги наложува судската пракса на Судот.
213. Иако членот 53 од КЗ е формулиран на понеопределен начин, тој сепак споменува дека засегнатото лице е „обврзано“ да делува со цел да одврати акт на насилство (види параграф 143 погоре).
214. Точно е дека од чисто семантичка гледна ночка „потребата“ спомената во италијанскиот закон се чини дека само упатува на неодложна потреба, додека пак „апсолутната потреба“ во смисла на Конвенцијата наложува дека, кога има различни средства за постигнување на истата цел, средството кое повлекува најмала опасност по животите на другите мора да биде избрано. Сепак, ова е разлика во формулацијата на законот која може да биде надмината со толкувањето на домашните судови. Како што се гледа од одлуката за затворање на случајот, италијанските судови го толкувале членот 52 од Конвенцијата дека ја дозволува употребата на сила со смртоносен исход само како крајна мера кога други, помалу штетни, реакции не би биле доволни за да се одврати опасноста (види параграф 101 погоре, кој го споменува реферирањето на истражниот судија од Џенова на судската пракса на Касациониот суд во оваа област).
215. Следува дека разликите помеѓу поставените стандарди и терминот „апсолутно потребна“ во член 2 § 2 не се доволни за да се заклучи само врз таа основа дека не постоела соодветна домашна правна рамка (види Perk and Others v. Turkey, no. 50739/99, § 60, 28 March 2006, и Bakan, цитиран погоре, § 51; види исто така, спротивно, Nachova and Others, цитиран погоре, §§ 96-102).
216. Жалителите потоа се жалеа на фактот што службите за спроведување на правото не биле опремени со несмртоносно оружје, и посебно со пиштоли со гумени куршуми. Сепак, Судот воочува дека на службените лица кои биле на терен им биле достапни средства за растерување и контролирање на толпата кои не биле опасни по живот, во форма на солзавец (види, спротивно, Güleç, цитиран погоре, § 71, и Şimşek, цитиран погоре, §§ 108 and 111). Општо земено, има простор за дебата за тоа дали на персоналот за спроведување на правото треба да му биде доделена и друга опрема од овој вид, како што се шмркови со вода и пиштоли со несмртоносна муниција. Сепак, таквите дискусии не се релевантни во конкретниот случај, во кој смртта не настанала во текот на операција за растерување на демонстранти и контрола на толпа на лица учесници во марш, туку во текот на ненадеен и насилен напад кој како што Судот само што забележа (види параграфи 185-189 погоре), шретставувал претстојна и сериозна закана за животите на тројцата карабињери. Конвенцијата, како што е толкувана од Судот, не дава основа за да се заклучи дека службениците за спроведување на правото не треба да бидат овластени да имаат на располагање смртоносно оружја за спротивставување на такви напади.
217. На крај, што се однесува на тврдењето на жалителите дека некои карабињери користеле непрописни оружја како што се метални палки (види параграф 201 погоре), Судот не гледа никава поврзаност помеѓу таа околност и смртта на Carlo Giuliani.
218. Следува дека немало повреда на член 2 од Конвенцијата во неговиот материјален аспект во однос на домашната правна рамка со која се регулира употребата на сила со смртоносен исход или во однос на оружјата кои им биле доделени на службите за спроведување на правото во текот на Г8 самитот во Џенова.
В. Дали организацијата и планирањето на операциите за полициско работење биле компатибилни со обврската да се заштити животот која произлегува од член 2 од Конвенцијата
219. Жалителите тврдеа дека одговорноста на државата била вклучена и како резултат на пропусти во планирањето, организацијата и раководењето на операциите за одржување на јавниот ред. Владата го оспори тој аргумент.
1. Аргументи на странките
(a) Жалителите
220. Според жалителите, планирањето и спроведувањето на операциите на службите за спроведување на правото биле нарушени со бројни недостатоци, пропусти и грешки. Тие се изјаснија дека животот на Carlo Giuliani можел да биде спасен ако биле преземени соодветни мерки. Тие особено се повикаа на следните околности.
(i) Немање на јасна командна хиерархија и соодветна организација на операциите
221. Жалителите посочија дека биле направени промени во организацијата на операциите вечерта пред демонстрациите, со кои им се дала активна улога на карабињерите (а не стационирана, како што првично било планирано). Командните офицери биле информирани за промената усно утрото на 20 јули. Како што се гледало од изјавите дадени во текот на „судењето на дваесет и петмината“ од страна на полицискиот службеник Lauro и карабињерот Zappia, командните офицери не биле правилни информирани за одлуката да се одобри маршот на Tute Bianchе. Понатаму, персоналот за спроведување на правото распореден во Џенова не бил запознаен со градот и неговите улици.
222. Избраниот систем на комуникации само дозволувал размена на информации помеѓу контролните центри на полицијата и карабињерите но не и директна радио врска помеѓу полициските службеници и карабињерите. Според мислењето на жалителите, овие аномалии довеле до критичната ситуација во која се нашол M.P. и која го приморала да прибегне кон употреба на сила со смртоносен исход. Тука имало причинско-последична врска која Судскиот совет на ја идентификувал. Жалителите посочија во тој поглед дека операциите на полициско работење морале да бидат организирани и планирани на таков начин со кој би се избегнала било каква арбитрерност, злоупотреба на сила или предвидлив инцидент. Тие се повикаа на судската пракса на Судот (Makaratzis, цитиран погоре, § 68), на параграфот 24 од Принципите на ОН и на издвоеното мислење на судијата Bratza, кон кое се приклучил и судијата Šikuta, во кое тие делумно не се согласуваат со мнозинството на судии, приклучено кон пресудата на Судскиот совет.
223. Недостатокот на јасна командна хиерархија бил причина за нападот на карабињерите врз учесниците на маршот на Tute Bianche и за факт што неколку часа подоцна џиповите ги следеле карабињерите, затоа што не добиле инструкции да не го прават тоа. M.P., на кого му била дадена дозвола да се качи во еден од џиповите, се здобил со изгореници, лошо реагирал на неговата гас-маска, имал потешкотии со дишењето и бил повреден и обземен од паника. Иако задачата на џипот била да ги пренесе M.P. и D.R. во болница, тој не го напуштил плоштадот Алимонда пред нападот на карабињерите, и двајцата службеници, во болка и состојба на голема вознемиреност, останале во задниот дел на возилото.
224. Истрагата не дала било какво објаснување во однос на тоа зошто џиповите го следеле одредот кога тој се движел да се соочи со група на демонстранти. Службениците Lauro и Cappello, кои учествувале во нападот, изјавиле на „судењето на дваесет и петмината“ дека тие не ги забележале двата џипа кои ги следеле во позадина. Службеникот Cappello исто така изјавил: „Џипот кој не следи мора да биде оклопен, затоа што сѐ друго е еднакво на самоубиство“. Понатаму, џиповите биле оставени без надзор, уште еден доказ за недостигот на организација на операцијата за спроведување на правото.
(ii) Физичката и психичката состојба на M.P. и неговата необученост
225. Жалителите нагласија дека, како резултат на неговата физичка и психичка состојба, било проценето од страна на надредените офицери на M.P. дека тој не бил способен да остане на должност. Нему сепак му бил оставен пиштол наполнет со вистинска муниција наместо да биде однесен во болница и му било дозволено да влезе во џипот кој немал заштита. Состојбата во која се наоѓал M.P. го спречила да направи точна оцена на опасноста со која бил соочен. Ако тој бил на соодветна обука него не би го фатила паника и би ја имала потребната прибраност за да ја оцени и да се справи со ситуацијата на правилен начин. Истрелите би биле избегнати ако задниот дел од џипот и страничните стакла биле опремени со заштитни метални решетки и ако пиштолот со солзавец на M.P., кој ќе можел да го употреби за да се одбрани себеси, не му бил одземен.
226. M.P., кој имал дваесет години во времето на Г8 самитот (види параграф 35 погоре), бил млад и неискусен. Тој бил со карабињерите, каде ја вршел својата воена служба, само десет месеци. Тој посетувал тримесечен курс во колеџот за обука на карабињерите и еднонеделен курс во Велетри центарот кој во суштина претставувал обука за борба (спротивно на параграф 20 од Принципите на ОН). Затоа, според жалителите, тој немал соодветна обука за употреба на огнено оружје и не поминал низ потребните испитувања на неговите психички, физички и физиолошки способности. Доделувајќи му смртоносно оружје на Г8 самитот, властите ги подложиле и демонстрантите и персоналот за спроведување на правото на значителен ризик.
227. Другите двајца карабињери биле исто така млади и немале искуство. D.R. имал деветнаесет години и шест месеци и бил на воена служба четири месеци, додека пак F.C. немал наполнето дваесет и четири години и служел дваесет и два месеци.
(iii) Критериуми за селекција на персонал на оружените сили за Г8 самитот
228. Жалителите тврдеа дека групата на карабињери CCIR била водена од лица кои имале искуство во спроведување на меѓународни воени полициски операции во странство но кои немале искуство во одржување и повторно воведување на јавниот ред. Тоа било случај со офицерите Leso, Truglio и Cappello. Во релевантниот период не постоеле прописи со кои се воспоставуваат критериуми за регрутирање и селекција на персонал за работа на операции за одржување на јавниот ред, и Владата пропуштила да ги наведе минималните услови кои треба да бидат исполнети од еден карабињер за да биде распореден на настани како што е Г8 самитот. Тоа било спротивно на параграфите 18 и 19 на Принципите на ОН. Три четвртини од трупите распоредени во Џенова биле млади луѓе кои извршувале воена служба кај карабињерите (carabinieri di leva) или кои неодамна била назначени како помошници (carabinieri ausiliari); што давало некаква слика за нивниот недостиг на искуство. Жалителите исто така посочија на забелешките на CPT во извештајот за неговата посета на Италија (види параграф 155 погоре).
(iv) Настани после фаталниот истрел
229. Според жалителите, имало повреда на член 2 од Конвенцијата исто така заради фактот што ниту персоналот за спроведување на правото кој се наоѓал на плоштадот Алимонда и околината ниту карабињерите кои биле во џипот му пружиле помош на Carlo Giuliani откако бил испукан фаталниот истрел. Во овој поглед тие се повикаа на параграф 5 од Приницпите на ОН. Тие понатаму нагласија дека џипот во кој бил M.P., а кој го возел друг карабињер, го прегазил два пати телото на жртвата, кој бил застрелан но, сѐуште жив.
(б) Владата
230. Владата забележа дека смртта на Carlo Giuliani резултирала од индивидуалното дејствие преземено од страна на M.P., кое не било наредено ноту дозволено од неговите надредени. Затоа тоа било непредвидена и непредвидлива реакција. Заклучоците од истрагата исклучувале било каква одговорност на државата, вклучувајќи и индиректна одговорност како последица на наводни пропусти во организацијата и раководењето со операциите на јавен ред. „Проблемите“ на кои се повикал јавниот обвинител во предлогот за сопирање на постапката, посебно заради промените во организацијата направени ноќта пред настаните (види параграф 67 погоре), не биле прецизирани ниту пак било утврдено нивното постоење.
231. Во секој случај, немало индикација на било каква грешка во оцената при организацијата на операцијата која можела да се поврзе со настаните кои се предмет на разгледување. Не било возможно да се утврди причинска врска помеѓу смртта на Carlo Giuliani и нападот врз маршот на Tute Bianche, кој „немал никаква врска“ со настаните на плоштадот Алимонда. Ниту пак имало основи за да се тврди дека контингентот на карабињери не требало да биде испратен на плоштадот Алимонда, требало да му биде дадено време да се прегрупира и да биде распореден да се справува со демонстранти.
232. Она што го разликувало овој случај од Ergi v. Turkey (28 July 1998, Reports 1998-IV), Oğur v. Turkey ([GC], no. 21594/93, ECHR 1999‑III) и Makaratzis (цитиран погоре) бил фактот што, во контекстот на Г8, планирањето на операциите било неизбежно непотполно и приближно, со оглед на тоа што демонстрантите можеле или мирно да се однесуваат или да се вклучат во насилство. Властите неможеле детално да предвидат што ќе се случи и морале да осигураат дека можеле да интервенираат на флексибилен начин, што било тешко да се испланира.
233. Исто така, принципите изразени во McCann and Others и Andronicou and Constantinou (и двата случаи се цитирани погоре) немале значење за овој случај, затоа што тие се однесувале на полициска операција со прецизна цел, а не на урбана ситуација од герила тип која траела три дена, кој постојано се менувала и била проширена низ целиот град. Во втората ситуација, превентивно планирање било невозможно затоа што одлуките биле донесувани од страна на командните офицери на теренот во светло на обемот на насилството и опасностите.
234. Демонстрациите во Џенова требало да бидат мирни и во согласност со законот. Видео-снимките покажувале дека повеќето демонстранти постапувале во согласност со законот и без посегнување кон насилство. Властите направиле сѐ што било во нивна моќ да спречат разорните елементи да се измешаат со демонстрантите и да предизвикаат негативен тек на демонстрациите. И покрај тоа, неколку криминални инциденти, често неповрзани еден со друг, се случиле во различни делови на градот. Значителни мерки на предострожност биле преземени против можно влошување на ситуацијата. Сепак, ниту една власт – „без помош на гледач“ – можела да предвиди кога, каде и како ќе избувне насилство и во која насока тоа ќе се шири.
235. Негирајќи го постоењето на какви било пропусти кои можат да и се припишат на државата кои би можеле да се поврзат со смртта на Carlo Giuliani, Владата му обрна внимание на Судот на следните прашања.
236. Промената на планот на 19 јули 2001 која им дала на карабињерите подинамична улога била оправдана со развојот на ситуацијата и сѐ поагресивното однесување на демонстрантите.
237. Немало ништо што докажува дека селекцијата и обуката на персоналот биле со грешки. Обуката на M.P., D.R. и F.C. вклучувала основна техничка обука кога биле регрутирани и понатамошни курсеви за операции за одржување на јавниот ред и употреба на опремата кој им била дадена. Понатаму, M.P., D.R. и F.C. се стекнале со значително искуство на спортски и други настани. Пред Г8 самитот целиот персонал кој требало да биде распореден во Џенова, вклучувајќи ги и тројцата гореспоменати карабињери, учествувале на сесии за обука во Велетри на кои искусни инструктори спровеле напредна обука за техники на одржување на јавниот ред (види параграфи 108-109 погоре). Понатаму, со оглед на тоа што државата распоредила приближно 18,000 службени лица на теренот (види параграф 141 погоре), би било нереално да се очекува сите полициски службеници и карабињери да се припадници на елитни единици.
238. Според Владата, комуникацискиот систем одбран од карабињерите немал никакво значење за настаните на плоштадот Алимонда. Џиповите не биле оклопни (туку биле опремени со метални решетки кои го штителе предното стакло и прозорците до возачот и совозачот) затоа што тие биле само возила за логистичка поддршка кои не биле предвидени за оперативна употреба во рамки на одржување на јавниот ред.. Затоа задните страничните стакла и задното стакло не биле со решетки. Понатаму, демонстрантите успеале да запалат дури и целосно блиндирано возило (види параграф 20 погоре). Џиповите ги следеле карабињерите кои биле вклучени во судири со демонстрантите, најверојатно на инцицијатива на возачите за да избегнат да бидат отсечени, што би ги направило многу лесна мета за агресивните демонстранти.
239. M.P. имал наполнет пиштол затоа што, иако тој повеќе не користел солзавец, тој морал да е во состојба да се брани себеси во случај на напад. Ако не било така, веројатно било дека тој, наместо напаѓачот, би бил мртов.
240. Што се однесувало на тоа зошто службениците за спроведување на правото кои биле во близина на џипот не интервенирале, Владата забележа дека карабињерите на местото на настанот само што се повлекле од напад од демонстранти и затоа и било потребно време да се прегрупираат. Што се однесувало на полициските службеници кои биле „на релативно мала оддалеченост но не во непосредната околина“, тие интервенирале најбрзо што можеле. Понатаму, трагичните настани се случиле мноу брзо (за вкупно неколку десетини од секундата).
241. Владата исто така посочи дека, според извештајот од аутопсијата, фактот што возилото го прегазило телото на Carlo Giuliani не повлекол посериозни последици за него (види параграф 50 погоре). Службите за итна помош интервенирале брзо на местото на настанот.
242. Според Владата, властите и службите за спроведување на правото немале друг след на акции кои им биле на располагање. Иако член 2 § 2 (в) од Конвенцијата дозволувал лишување од живот за цел „спречување на немир“, карабињерите се ограничиле себеси на обиди да ги растераат насилните демонстранти без да предизвикаат штета и, откако биле заглавени, на повлекување за да избегнат да бидат опколени, што можело да има посериозни последици. Нападот на џипот бил последица на стапица подметната од страна на демонстрантите, а не на каква било неправилност во нивното работење. Со оглед на претходнонаведеното, Судот би требало да избегне да пренесе порака дека државата ќе се смета за одговорна во сите случаи кога немири резултирале со загуба на човечки живот.
2. Пресудата на Судскиот совет
243. Судскиот совет ги разгледал пропустите на кои се жалеле жалителите поврзани со изборот на властите на комуникацискиот систем, наводно неадекватното информирање за службените инструкции за 20 јули и наводниот недостиг на координација помеѓу службите за спроведување на правото. Тој заклучил дека службите морале да одговорат на ненадејни и непредвидливи нарушувања на јавниот ред и дека во отсуство на детална домашна истрага за прашањето не можело да се утврди непосредна и директна врска помеѓу пропустите кои биле предмет на жалба и смртта на Carlo Giuliani. На крај, тој одлучил дека службите за итна помош биле повикани доволно брзо, и ја нагласил тежината на повредите на Carlo Giuliani (види параграфи 228-244 од пресудата на Судскиот совет).
3. Оцена на Судот
(a) Општи принципи
244. Според судската пракса на Судот, членот 2 може да подразбира во определени прецизно дефинирани околности позитивна обврска за властите да преземат превентивни оперативни мерки да го заштитат лицето чиј живот е изложен на ризик од криминалните дејствија на друго лице (види Mastromatteo v. Italy [GC], no. 37703/97, § 67 in fine, ECHR 2002‑VIII; Branko Tomašić and Others v. Croatia, no. 46598/06, § 50, ECHR 2009‑...; and Opuz v. Turkey, no. 33401/02, § 128, ECHR 2009‑...).
245. Tоа не значи, сепак, дека позитивна обврска да се спречи секоја можност за насилство може да се изведе од оваа одредба. Одредбата за која станува збор мора да биде толкувана на начин кој не наметнува невозможен или непропорционален товар на властите, земајќи ги во обзир тешкотиите вклучени во полициското работење во модерните општества, непредвидливоста на човековото однесување и оперативните избори кои мора да бидат направени во смисла на приоритети и ресурси (види Osman, цитиран погоре, § 116, и Maiorano and Others v. Italy, no. 28634/06, § 105, 15 December 2009).
246. Затоа, не секој наводен ризик по живот може да повлече за властите обврска од Конвенцијата да преземат оперативни мерки да спречат тој ризик да се оствари. Судот има одлучено дека позитивна обврска ќе настане кога на властите им било познато или требало да им биде познато постоењето на вистински и непосреден ризик за животот на определно лице и пропуштиле да преземат мерки во опсегот на нивните овластувања кои, разумно оценети, можело да се очекува да бидат преземени за да се избегне ризикот (види Bromiley v. the United Kingdom (dec.), no. 33747/96, 23 November 1999; Paul and Audrey Edwards v. the United Kingdom, no. 46477/99, § 55, ECHR 2002‑II; и Branko Tomašić, цитиран погоре, §§ 50-51).
247. Во врска со тоа, треба да се нагласи дека во Mastromatteo (цитиран погоре, § 69), Судот направил разлика помеѓу случаи кои се однесуваат на обврската за лична заштита на едно или повеќе лица кои можат однапред да бидат идентификувани како потенцијална цел на смртоносен напад (види Osman и Paul and Audrey Edwards, двата случаи се цитирани погоре; види ги исто така пресудите после Mastromatteo, имено Branko Tomašić, цитиран погоре, и Opuz, цитиран погоре), и тие случаи во кои во прашање била обврската да се обезбеди генерална заштита на општеството (види Maiorano and Others, цитиран погоре, § 107).
248. Понатаму, за да биде ангажирана одговорноста на државата според Конвенцијата, мора да биде утврдено дека смртта резултирала од пропуст на националните власти да преземат сѐ што можело разумно да се очекува од нив за да избегнат вистински и непосреден ризик за животот за кој тие знаеле или морале да знаат (види Osman, цитиран погоре, § 116; Mastromatteo, цитиран погоре, § 74; и Maiorano and Others, цитиран погоре, § 109).
249. Во согласност со неговата судска пракса, Судот мора да го испита планирањето и контролата на операцијата на полициско работење која резултирала со смрт на едно или повеќе лица со цел да оцени дали, во конкретните околности на случајот, властите
презеле соодветни мерки за да осигураат дека ризикот по живот е минимизиран и дека не биле небрежни во нинвиот избор на акции (види McCann and Others, цитиран погоре, §§ 194 и 201, и Andronicou and Constantinou, цитиран погоре, § 181). Употребата на смртоносна сила од страна на полициски службенци може да бида оправдана во определени околности. Сепак, членот 2 не дава carte blanche. Нерегулирана и арбитрерна акција од службени лица на државата е неспојлива со ефикасното почитување на човековите права. Тоа значи дека операциите на полициско работење мора да бидат доволно регулирани со домашното право, во рамките на систем на адекватни и ефикасни заштитни механизми против арбитрерност и злоупотреба на сила. Затоа, судот мора да ги земе во предвид не само дејствијата на службените лица на државата кои фактички ја употребиле силата туку исто така и други околности, вклучувајки такви прашања како што се планирањето и контролата на постапките кои се испитуваат. Полициските службеници не треба да бидат оставени во вршењето на нивните должности во вакуум: законска и административна рамка треба да ги дефинира ограничените околности во кои службеници за спроведување на правото можат да употребат сила и огнено оружје, во светло на меѓународните стандарди кои се развија во тој поглед (види Makaratzis, цитиран погоре, §§ 58-59).
250. Посебно, службениците за спроведување на правото мора да бидат обучени да оценат дали има или не, апсолутна потреба за употреба на огнено оружје, не само врз основа на буквата на релевантни прописи, туку исто така со имање во предвид на најголемата важност на почитувањето на човековиот живот како фундаментална вредност (види Nachova and Others, цитиран погоре, § 97; види го исто така критикувањето на Судот за инструкцитте „пукај за да убиеш“ дадени на војниците во McCann and Others, цитиран погоре, §§ 211-214).
251. На крај, не треба да се занемари дека смртта на Carlo Giuliani се случила во текот на масовни демонстрации. Иако должност е на државите договорнички да преземат разумни и соодветни мерки во однос на законски демонстрации за да го осигураат нивното мирно спроведување и безбедноста на сите граѓани, тие не можат тоа да го гарантираат апсолутно и имаат широка дискреција во изборот на средства кои ќе се употребуваат. Во оваа сфера обврската која ја имаат според член 11 од Конвенцијата е обврска во однос на мерките кои треба да се преземат, а не во однос на резултатите кои треба да се постигнат (види Plattform “Ärzte für das Leben” v. Austria, 21 June 1988, § 34, Series A no. 139; Oya Ataman v. Turkey, no. 74552/01, § 35, ECHR 2006‑XIII; и Protopapa v. Turkey, no. 16084/90, § 108, 24 February 2009). Сепак, важно е превентивни мерки за безбедност како што се, на пример, присуството на служби за прва помош на местото на демонстрациите, да се преземат со цел да се гарантира непречено спроведување на било кој настан, состанување или собир (види Oya Ataman, цитиран погоре, § 39). Понатаму, кога демонстрантите не преземаат акти на насилство, важно е јавните власти да покажат определен степен на толеранција кон мирните собири, како слободата на собирање гарантирана со член 11 од Конвенцијата не би го изгубила своето значење (види Patyi and Others v. Hungary, no. 5529/05, § 43, 7 October 2008). Од друга страна, мешањата во правото кое е гарантирано со таа одредба во принцип се оправдани за спречувањето на неред или кривично дело и за заштита на правата и слободите на другите кога демонстрантите преземаат акти на насилство (види Protopapa, цитиран погоре, § 109).
(б) Примена на тие принципи во конкретниот случај
252. Судот најпрво воочува дека демонстрациите во врска со Г8 самитот прераснале во насилство. На 20 јули 2001 дошло до бројни судири помеѓу службите за спроведување на правото и дел од демонстрантите. Тоа е повеќе од доволно покажано на видео-снимките доставени од странките. Тие слики исто така покажуваат насилство од страна на некои полициски службеници против демонстранти (види параграф 139 погоре).
253. Сепак останува фактот, дека оваа жалба не се однесува на организацијата на операциите за одржување на јавниот ред во текот на Г8 самитот во целина. Таа е ограничена на испитување, помеѓу останатото, дали, во организацијата и планирањето на настанот, се случиле пропусти кои може да бидат директно поврзани со смртта на Carlo Giuliani. Во врска со тоа треба да се воочи дека насилни инциденти биле забележани многу порано од настаните на плоштадот Алимонда. Во секој случај, нема објективни причини за да се поверува дека, ако тие насилни инциденти не се случиле, и ако немало напад од страна на карабињерите врз маршот на Tute Bianche, M.P. не би ги испукал истрелите за да се одбрани себеси против незаконското насилство на кои биле подложен. Мора да се дојде до истиот заклучок во однос на промените на иструкциите издадени на карабињерите ноќта пред настаните и во однос на изборот на комуникацискиот систем.
254. Судот забележува во тој поглед дека интервенцијата на карабињерите на улицата Кафа (види параграфи 42-44 погоре) и нападот врз џипот од страна на демонстрантите се случиле во момент на релативна смиреност кога, после долг ден на судири, одредот на карабињери зазел позиција на плоштадот Алимонда за да се одмори, прегрупира и за да може повредените службеници да се качат во џиповите. Како што покажуваат снимките, судирот помеѓу демонстрантите и службениците за спроведување на правото се случил ненадејно и траел само неколку минути до фаталниот истрел. Не можело да се предвиди дека ќе дојде до толку насилен напад на токму таа локација и во тие околности. Понатаму, не може да се шпекулира во однос на причините кои ја мотивирале толпата да се однесува на тој начин.
255. Треба исто така да се воочи дека Владата распоредила значителна бројка на службеници за полициско работење на настанот (18,000 службени лица – види параграфи 141 и 237 погоре) и дека целокупниот персонал или бил дел од специјализирани единици или имал ад хок обука за одржување на редот во текот на масовни собири. M.P., посебно, зел учество на курсеви за обука во Велетри (види параграфи 108-109 и 237 погоре, спореди Makaratzis, цитиран погоре, § 70). Со оглед на многу високата бројка на службени лица распоредени на терен, не можело од сите нив да се бара да имаат големо искуство и/или да имале обука од неколку месеци или години. Да се одлучи поинаку би значело наметнување на непропорционална и нереална обврска врз државата. Понатаму, како што Владата правилно нагласи (види параграф 233 погоре), мора да се прави разлика помеѓу случаи во кои службите за спроведување на правото се справуваат со прецизна цел која може да се идентификува (види, на пример, McCann and Others и Andronicou and Constantinou, цитирани погоре) и тие случаи каде во прашање е одржување на редот при можни нарушувања во област широка колку цел град, како во случајот кој е предмет на разгледување. Само во првата категорија на случаи може од сите службени лица кои се вклучени да се очекува да имаат тесна специјалност во извршувањето на задачата која им е доделена.
256. Следува дека не може да се утврди повреда на член 2 од Конвенцијата само врз основа на селекцијата, за Г8 самитот во Џенова, на карабињер кој, како M.P.. имал само дваесет години и единаесет месеци во релевантниот период и имал служено само десет месеци (види параграф 35 погоре). Судот исто така посочува дека веќе беше одлучено дека постапките на M.P. не доведувале до повреда на член 2 во неговиот материјален аспект (види параграфи 194-195 погоре). Не беше утврдено дека тој презел непресметани дејствија или дека постапил без соодветни инструкции (спротивно Makaratzis, цитиран погоре, § 70).
257. Затоа останува да се утврди дали одлуките донесени на плоштадот Алимонда непосредно пред нападот врз џипот од страна на демонстрантите ја прекршувале обврската да се заштити животот. За таа цел Судот мора да ги земе во предвид информациите кои им биле достапни на властите во моментот на донесување на одлуките. Немало ништо што би покажало дека Carlo Giuliani, повеќе од кој било друг демонстрант или било кое лице присутно на местото, бил потенцијална мета на акт со смртоносен исход. Затоа, властите немале обврска да му обезбедат лична заштита, туку само биле обврзани да се воздржат од преземање на акција која, воопштено, можело јасно да го загрози животот и физичкиот интегритет на бил кое од засегнатите лица.
258. Судот смета дека може да се замисли, во итна ситуација како онаа што преовладувала после судирите на 20 јули 2001, дека службите за спроведување на правото можеби морале да употребат неоклопни возила за логистичка поддршка за превоз на повредени службени лица. Исто така, не се чини неразумно дека не се барало засегнатите возила веднаш да одат во болница, затоа што тоа би ги изложило на ризик да поминат, без заштита, низ делот од градот каде би можеле да избијат нови судири. Пред нападот на улицата Кафа кој, како што Судот забележа претходно, бил сосема ненадеен и непредвидлив (види параграф 254 погоре), сите околности укажувале на тоа дека џиповите биле подобро заштитени на плоштадот Алимонда, каде тие биле веднаш до контингент на карабињери. Понатаму, нема ништо во списите на предметот што сугерира дека физичката состојва на карабињерите во џипот била толку сериозна да тие морало да бидат однесени итно во болница; засегнатите службени лица во најголем дел страдале од последиците на продолжена изложеност на солзавец.
259. Џиповите потоа го следеле одредот на карабињери кога тој се поместил кон улицата Кафа, а причините за таа одлука не се јасни од документите во списите на предметот. Можеби тој потег бил преземен за да се спречи тие да бидат отсечени, што, следните настани покажале, би можело да биде премногу опасно. Понатаму, кога тоа биле преземено, немало причина да се претпостави дека демонстрантите би можеле да ги присилат карабињерите, како што и сториле, да се повлечат брзо и дезорганизирано, на тој начин принудувајќи ги џиповите да се повлечат возејќи наназад и довело до тоа едниот од нив да биде опколен. Непосредната причина за овие настани бил насилниот и незаконски напад од страна на демонстрантите. Прилично е јасно дека претходно донесена оперативна одлука од страна на службите за спроведување на правото не би можела да го има во предвид тој непредвидлив елемент. Понатаму, фактот што избраниот комуникациски систем очигледно дозволувал само размена на информации помеѓу контролните центри на полицијата и карабињерите, но, не и директна радио врска помеѓу самите полициски службеници и карабињерите (види параграф 222), не е сам по себе доволна основа за да се заклучи дека немало јасна командна хиерархија, факт кој, според судската пракса на Судот, може да го зголеми ризикот некои полициски службеници да пукаат неконтролирано (види Makaratzis, цитиран погоре, § 68). M.P. бил подложен на наредби и инструкции од страна на неговите надредени, кои биле присутни на терен.
260. Понатаму, Судот не гледа зошто фактот што M.P. бил повреден и што било оценето дека не е способен на должност би требало да ги наведе командните службеници да му го одземат оружјето. Оружјето било соодветно средство за лична заштита за да се спротивстави на можен насилен и ненадеен напад, кој претставува неодложна и сериозна закана за животот, а тој и бил употребен токму за таа цел.
261. На крај, во однос на настаните после фаталниот истрел (види параграф 229 погоре), Судот забележува дека нема докази дека помошта која му била дадена на Carlo Giuliani била неадекватна или задоцнета или дека џипот намерно го прегазил неговото тело. Во секој случај, како што било покажано со извештајот од аутопсијата (види параграф 50 погоре), повредите на мозокот здобиени како последица на истрелот испукан од M.P. биле толку тешки што предизвикале смрт во само неколку минути.
262. Следува дека италијанските власти не потфрлиле во нивната обврска да преземат сѐ што разумно можело од нив да се очекува за да го обезбедат степенот на заштитни механизми потребен во текот на операции кои потенцијално вклучуваат употреба на смртоносна сила. Затоа немало повреда на член 2 од Конвенцијата заради организацијата и планирањето на операциите на полициско работење во текот на Г8 самитот во Џенова и трагичните настани на плоштадот Алимонда.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 2 ОД КОНВЕНЦИЈАТА ВО НЕГОВИОТ ПРОЦЕДУРАЛЕН АСПЕКТ
263. Жалителите тврдеа дека тужената држава не успеала во неколку аспекти да ги почитува процедуралните обврски кои произлегуваат од член 2 од Конвенцијата. Владата го оспори тој навод.
A. Спорни прашања посочени од жалителите
1. Наводни пропусти при спроведувањето на аутопсијата и кремирањето на телото
(a) Аргументи на странките
(i) Жалителите
264. Жалителите воочија дека на 21 јули 2001 јавниот обвинител наредил аутопсија на телото на Carlo Giuliani и назначил двајца вештаци (г-н Canale и г-н Salvi) кои требало да започнат со работа во 15 часот истиот ден. Јавниот обвинител побарал од полицијата да го информира M.P. и родителите на жртвата пред 13 часот. Било невозможно за жалителите во толку кратко време да назначат вештак по судска медицина по нивен избор кој би присуствувал на аутопсијата. Понатаму, јавниот обвинител одобрил кремирање на телото на 23 јули 2001, многу порано пред да бидат познати резултатите од аутопсијата (на вештаците им биле дадени шеесет дена за да го подготват извештајот).
265. Жалителите во ниту еден момент не биле „странки“ во постапката, затоа што според италијанскиот закон барање да се приклучат кон постапката како граѓанска странка можело да се поднесе само кога обвинетиот бил изведен пред суд. Како оштетени, тие имале само ограничени овластувања за учество во истрагата. Тие биле уште повеќе ограничени кога јавниот обвинител наредил технички испитувања кои не можеле да бидат повторени, врз основа на член 360 од ЗКП (види параграф 150 погоре); во тој случај, оштетената страна можела само да поднесе предлог до јавниот обвинител да побара од судијата итно изведување на докази. Само ако тоа барање било одобрено оштетената страна можела да му предложи на истражниот судија да ги испитаат вештаците на органите на прогонот. Во случајот кој сега се разгледува аутопсијата била класифицирана како техничко испитување кое не можело да се повтори.
266. На крај, жалителите забележаа дека целосниот скен спроведен врз телото на Carlo Giuliani (види параграф 60 погоре) открил метален фрагмент во неговата глава, но дека тој фрагмент не бил најден или регистриран (види ја изјавата на г-н Salvi’s во текот на „судењето на дваесет и петмината“ – параграф 130 погоре).
(ii) Владата
267. Владата тврдеше дека вадењето на металниот фрагмент било не само бесмислено туку и невозможно. Не би довело од какви било додатни корисни информации во однос на околностите во кои M.P. посегнал по употреба на смртоносна сила. Микро-делови од олово веќе биле најдени на „фантомката“ на жртвата, чија анализа ја потврдила теоријата за посреден предмет. Понатаму, во времето кога телото на Carlo Giuliani било вратено на семејството за кремирање немало причина да се претпостави дека извештајот од аутопсијата, кој не бил сѐуште напишан, ќе биде „површен“. Вообичаена пракса било, сепак, да се предаде телото на семејството штом вештаците посочеле дека тоа не им било повеќе потребно. Така се поштедувале роднините на жртвата од понатамошно страдање и се почитувале нивните права според член 8 од Конвенцијата.
268. Кремирањето било побарано од самите жалители, кои биле информирани дека аутопсијата ќе се одржи и биле поканети да присуствуваат. Понатаму, застапникот на жалителите не поднел никакво барање за итно изведување на докази (Владата се повика на Sottani v. Italy (dec.), no. 26775/02, ECHR 2005-III, каде Судот одби сличен жалбен навод).
269. Како што Судот веќе имал прилика да каже (Владата се повика, mutatis mutandis, на R.K. and A.K. v. the United Kingdom, no. 38000/05, § 36, 30 September 2008), дали една истрага е спроведена правилно морало да се оцени ex ante, врз основа на фактите кои биле познати кога се донесувала одлуката, а не ex post facto. Една истрага била неправилна во смисла на Конвенцијата ако идентификуваните пропусти ја нарушувале нејзината способност за утврдување на околностите на случајот или лицата кои биле одговорни (Владата се повика на Makaratzis, цитиран погре, § 74). Само невообичаени околности го навеле Судот, во определени случаи, да утврди процедурална повреда на член 2 без да најде материјална повреда на истата таа одредба или на член 38 од Конвенцијата (Владата се повика, како пример, на Hugh Jordan v. the United Kingdom (no. 24746/94, ECHR 2001-III)), што во секој случај довело до издвоени мислења на некои судии (Владата како пример го цитираше Ramsahai and Others v. the Netherlands ([GC], no. 52391/99, ECHR 2007‑VI)). Во случајот кој сега се разгледува, заклучоците на домашните власти во однос на постоењето на нужна одбрана биле прифатени од Судскиот совет. Затоа, било каква грешка до која можеби дошло во истрагата немала влијание врз нејзината ефикасност.
270. Во секој случај, условот за ефикасност бил обврска во однос на средствата а не на резултатите. Владата се согласи дека „во определени документи се воочувале тешкотии во реконструкцијата на настаните, заради, помеѓу останатото, недостапноста на некои елементи“. Сепак, тие потешкотии не можеле да им се припишат на властите или на небрежност од нивна страна, туку произлегле од објективни околности вон нивна контрола. Истражителите затоа ја испочитувале нивната обврска во однос на средствата. Понатаму, дури и ако се претпостави дека имало какви било сомнежи во однос на некои елементи, во кривични предмети требало во случај на сомневање да се пресуди во корист на обвинетиот [benefit of the doubt], а не на жртвата. Понатаму, не требало да занемари дека Судот имал оценето дека домашни истражни постапки биле „ефикасни“ кога биле направени грешки од страна на властите (Владата се повика на Grams, цитиран погре, и Menson and Others v. the United Kingdom (dec.), no. 47916/99, ECHR 2003‑V).
(б) Пресуда на Судскиот совет
271. Судскиот совет забележал дека скенот направен на телото на Carlo Giuliani открил присуство на метален дел заглавен во неговата глава кој не бил изваден или заведен во документите, иако неговата анализа би била важна „за балистичка анализа и за реконструкција на настаните“. Понатаму, лекарите кои ја правеле аутопсијата не „навеле изречно дали истрелот бил директен“. Затоа клучни прашања останале неодговорени, што го навело јавниот обвинител да ја окарактеризира аутопсијата како „површна“. Овие пропусти биле отежнати од фактот што било дадено одоборение за кремирање на телото пред да се дознае содржината на лекарскиот извештај на вештаците, спречувајќи да се извршат какви било понатамошни испитувања. Судскиот совет исто така жалел за краткиот рок кој им бил даден на жалителите за да назначат вештак по нивен избор да учествува на аутопсијата. Затоа, одлучил дека имало повреда на член 2 од Конвенцијата во неговиот процедурален аспект (види параграфи 245-251 од пресудата на Судскиот совет).
2. Пропуштање да се поведе постапка со цел да се утврди можна одговорност на определени полициски службеници
(a) Аргументи на странките
(i) Жалителите
272. Според жалителите, член 2 од Конвенцијата бил повреден исто така и заради тоа што немало административна или кривична истрага за постапувањето на службите за спроведување на правото на Г8 самитот во Џенова. Истрагата би можела да ги разјасни одговорностите во командната хиерархија и би овозможила изрекување на административни санкции доколку тоа било потребно. Отсуството на каква било административна истрага било потврдено и од Владата (види параграф 280 подолу) и со изјавите на полковникот Truglio на „судењето на дваесет и петмината“.
273. Следувало дека не била направена оцена во било кој момент за вкупната одговорност на властите во однос на пропустите во планирањето, координацијата и спроведувањето на операциите и нивната неспособност да гарантираат пропорционална употреба на сила во растерувањето на демонстрантите. Немало оцена на инструкциите кои им биле издадени на службениците за спроведување на правото или за причините зошто ним им била доделена само вистинска муниција. Органите на прогонот никогаш не разгледале дали службениците кои му биле надредени на M.P. би можеле да се повикаат на одговорност за тоа што оставиле смртоносно оружје во рацете на карабињер за кој било оценето дека не бил способен да остане на должност.
274. Ако Владата било во право во однос на нејзиното тврдење дека истрагата не можела да биде проширена на други лица освен тие кои биле осомничени дека го извршиле кривичното дело, тогаш домашното право било неспојливо со член 2 од Конвенцијата Понатаму, јавниот обвинител, кога предложил да се сопре постапката, се повикал на проблеми (без да прецизира какви биле тие). Со оглед на тоа што овој заклучок не довел до истрага за причните на проблемите и кој бил за нив одговорен, Конвенцијата била исто така повредена и заради тоа што органите на прогонот избрале да спроведат непотполна истрага.
275. Жалителите исто така го осудуваат фактот што, не само што не биле казнети, надредените на M.P. (службениците Leso, Truglio, Cappello и Mirante) туку секој од нив бил унапреден Понатаму, некои полициски службеници осомничени за незаконско апсење и насилство кон демонстрантите исто така биле унапредени. Сепак, во пресуда од 18 мај 2010 Апелациониот суд во Џенова им изрекол на некои од тие високи службеници затворски казни од три години и осум месеци до пет години за кривични дела извршени во училиштето Диаз во текот на Г8 самитот (дваесет и петмина од дваесет и седумте обвинети биле осудени и добиле затворски казни во вкупно траење за сите нив заедно од осумдесет и пет години). Ден после донесувањето на пресудата, Потсекретарот за внатрешни работи изјавил дека ниту еден од осудените високи службеници нема да биде отпуштени и дека тие сѐуште ја имале довербата на Министерот.
(ii) Владата
276. Повикувајќи се на своите опсервации во однос на околностите во кои една истрага можела да се смета за погрешна (види параграф 269 погоре), Владата тврдеше дека, со оглед на тоа што немало одговорност во врска со спроведувањето на операциите за одржување на јавниот ред, фактот што тоа не било предмет на истрага бил без влијание. Самиот Судски совет заклучил дека планирањето и организацијата на Г8 самитот во Џенова било спојливо со обврската да се заштити животот според член 2. Затоа, немало причина да има истрага за лицата кои биле одговорни за планирањето.
277. Судскиот совет ја критикувал истрагата затоа што не ги разјаснила причините зошто M.P. не бил однесен директно во болница, му бил оставен наполнет пиштол и бил во џип кој бил отсечен и немал заштита. Владата забележа дека домашната истрага не можела да утврди со сигурност дали џиповите го следеле одредот на карабињери по иницијатива на возачите или затоа што така им било наредено. Во секој случај, тоа бил единствениот разумен правец на дејствување со оглед на тоа дека џиповите морале да се движат заедно под заштита на одредот. M.P. бил ставен во џипот заради ненадеен настан (неговата лична состојба), а возилото било отсечено заради „стапицата“ поставена од демонстрантите. Пиштолот бил средство со кое M.P. се бранел себеси.
278. Со оглед на тоа што M.P. делувал во нужна одбрана, тешко било да се види кое кривично дело би можело да им се припише на тие кои биле одговорни за операциите за одржување на јавниот ред. Член 7 од Конвенцијата наложува, за да се изрече казна, да има мисловна врска (свесност и намера) кој открива елементи на одговорност во однесувањето на лицето кое физички го ивршило кривичното дело (Владата се повика на Sud Fondi S.r.l. and Others v. Italy, no. 75909/01, § 116, 20 January 2009). Во предметот кој сега се разгледува не можело да им се припише физичко извршување или свесност и намера за извршување на кривично дело од страна на оние кои биле одговорни за полициското работење на Г8 самитот.
279. Понатаму, кривичната одговорност била строго лична и претпоставувала причинска врска со која кривичното дело за кое станува збор било директна и неспосредна последица на обжалениот акт. Било какви грешки или проблеми кои можеби постоеле во организацијата, раководењето и спроведувањето на операциите за одржување на јавниот ред на никој начин не можеле да се сметаат за директна причина за трагичните настани на плоштадот Алимонда. Затоа би било непотребно да се прошири истрагата на високорангирани полициски службеници или да се обиде да се идентификуваат други лица кои би можеле да се одговорни. Ако пресудата на Судскиот совет се потврди по ова прашање државата ќе биде обврзана да отвори бесмислени и штетни истражни постапки кои не би донеле никакви резултати и арбитрерно би се мешале во животите на невини поединци.
280. Не биле отворени административни или дисциплински истражни постапки против карабињерите. Сепак, две кривични постапки биле во тек против неколку полициски службеници за акти на насилство наводно извршени против демонстранти на 21 и 22 јули 2001, после смртта на Carlo Giuliani. „Целокупниот контекст“ на Г8 самитот бил исто така испитан во текот на парламентарната истрага (види параграфи 107-117 погоре), во текот на „судењето на дваесет и петмината“(види параграфи 121-138 погоре) и во текот на истрагите спроведени од страна на Министерството за внатрешни работи (види параграф 140 погоре)
(б) Пресудата на Судскиот совет
281. Судскиот совет го осудил фактот што домашната истрага била ограничена на тоа да се утврди дали M.P. и F.C. требало да се сметаат за одговорни и не го анализирала „целокупниот контекст“ за да утврди дали властите ги испланирале и раководеле операциите за одржување на јавниот ред на начин за да спречат инциденти како оној кој ја предизивикал смртта на Carlo Giuliani. Посебно, не биле разјаснети причините зошто M.P. не бил веднаш однесен во болница, му бил оставен наполнет пиштол и бил ставен во џип изолиран од останатите и без заштита. Било потребно да се одговори на овие прашања, со оглед на тоа што „фаталниот истрел [бил] тесно поврзан со ситуацијата во која се нашле M.P. и F.C.“ (види параграфи 252-254 од пресудата на Судскиот совет).
3. Други наводни пропусти во домашната истрага
282. Жалителите изјавија дека имало бројни други пропусти во домашната истрага. Владата го оспори тоа тврдење. Судскиот совет не сметаше дека е потребно да ги разгледа овие прашања (види параграф 255 од пресудата на Судскиот совет).
(a) Аргументи на странките
(i) Жалителите
283. Жалителите тврдеа дека истрагата не била непристрасна и независна, не била детална и, затоа што завршила со одлука за сопирање на постапката, им оневозможила на жалителите јавно судење и оттука и јавна контрола на околностите поврзани со смртта на нивниот близок.
284. Во нивниот предлог за сопирање на постапката органите на прогонот изразиле несигурност во однос на намерите на M.P. кога ги испукал истрелите, заклучувајќи дека било невозможно да се утврди дали M.P. само сакал да ги исплаши неговите напаѓачи или само настојувал да се одбрани себеси пукајќи во нивна насока, прифаќајќи го ризикот дека би можел да погоди некого. Според органите на прогонот, би можело да биде случај на предизвикување на смрт од небрежност, на свесно преземање на ризик да убие некого или на убиство со умисла. Откако ја исклучил третата можност (без соодветно објаснување), јавниот обвинител заклучил дека M.P. делувал во нужна одбрана и дека требало да се поднесе предлог за сопирање на постапката заради постоењето на „сомневања“ засновани на основите за оправдување (види параграфи 72-75 погоре). Според жалителите, несигурноста на органите на прогонот во однос на утврдувањето на фактите ги направило јавната судска постапка и понатамошната истрага непотребни.
285. Жалителите се согласија дека тие можеле да поднесат приговор против предлогот на јавниот обвинител за сопирање на постапката и дека после приговорот била одржана расправа затворена за јавноста пред истражниот судија. Сепак, раправата не била јавна, и само на странките и нивните адвокати им било дозволено да присуствуваат. Понатаму, истражниот судија морала да донесе одлука врз основа на доказите поднесени од страна на органите на прогонот, кои фактички безусловно ја прифатиле верзијата на настаните дадена од страна на претставници на службите за спроведување на правото, без оштетените да имаат прилика да ги испитаат обвинетите, сведоците или вештаците. Истражниот судија ги утврдила фактите врз основа на анонимен приказ објавен на веб-страница можеби поврзана со француските анархисти; требало да се одржи јавна расправа за да провери точноста на тој приказ на настаните. На крај, жалителите немале ефикасен правен лек со кој би ја оспориле одлуката на истражниот судија за сопирање на постапката, затоа што ревизија била можно само поради ништовност, што не било применливо во конкретниот случај (член 409 § 6 од ЗКП – види параграф 151 погоре).
286. Мора исто така да се земе во предвид дека форенизчките испитувања наредени од страна на јавниот обвинител довеле до контрадикторни наоди. Жалителите ги нагласија следните точки:
(a) според балистичкиот извештај „Cantarella“ (5 декември 2001), постоела веројатност од 90% дека потрошениот патрон најден во џипот одоговарал на пиштолот на M.P., додека пак патронот најден во близина на телото на Carlo Giuliani одговарал само 10% (види параграф 54 погоре);
(б) во балистичкиот извештај „Manetto“ (15 јануари 2002) било наведено дека двата патрони потекнувале од пиштолот на M.P. и дека фаталниот истрел бил испукан во надолна насока, од оддалеченост од 110 до 140 сантиметри (види параграф 55 погоре);
(в) во балистичкиот извештај изработен од комисија на вештаци од 26 јули 2002 било заклучено дека пред куршумот да го погоди Carlo Giuliani тој се судрил со предмет кој ја изменил неговата траекторија (види параграф 56-62 погоре);
(г) според извештајот од аутопсијата, M.P. пукал надолу и куршумот се одбил (види параграф 50 погоре).
287. Понатаму, г-н Romanini не требало да биде назначен за вештак, заради фактот што во септември 2001 тој објавил статија во специјализиран часопис за оружја во кој изјавил дека однесувањето на M.P. требало да се смета за „јасна и потполно оправдана одбранбена реакција“ (види параграф 56 погоре). Прашања во однос на непристрасноста на г-н Romanini биле поставени во дневниот весник Ил Манифесто [Il Manifesto] на 19 март 2003, значи, пред да биде донесена одлуката за сопирање на постапката на 5 мај 2003. Со оглед на тоа што случајот не продолжил после фазата на прелиминарна истрага, жалителите немале прилика да побараат изземање на г-н Romanini. Форензичкото испитување во кое тој учествувал, сепак, било од голема важност, затоа што довело до теоријата за посреден предмет, која била прифатена од истражниот судија.
288. Во секој случај, со оглед на тоа што судскиот орган не делувал брзо на местото на настаните и не успеал да го обезбеди местото, куршумите не биле најдени, како последица на што не биле возможни правилни балистички испитувања. Биле најдени само два потрошени патрони, и не било дури ни сигурно дека куршумите биле испукани од страна на M.P.
289. Во однос на првата и втората серија на балистички испитувања, жалителите се согласија дека теоретски тие можеле да му предложат на јавниот обвинител да побара од судијата итно изведување на докази. Сепак, со оглед на тоа што самите органи на прогонот поднеле такво барање и тоа било одбиено, жалителите сметале дека нема смисол да поднесат таков предлог.
290. Јавниот обвинител исто така одлучил да довери значителен дел од истражните дејствија на карабињерите, а посебно на регионалната команда во Џенова и мобилната бригада на questura во Џенова. Попрецизно карабињерите:
– го одзеле оружјето на M.P. и потврдиле дека магазинот содржел помалку од петнаесет патрони муниција;
– го извршиле почетниот преглед на телото на Carlo Giuliani и џиповите;
– го конфискувале еден од џиповите и материјалот во него, вклучително и потрошен патрон;
– собрале фотографски докази за опремата која ја имал M.P. за време на настаните;
– го добиле, провериле и испитале аудио-визуелниот материјал кој се однесувал на настаните од 20 јули 2001;
– подготвиле записници за некои од изјавите дадени пред јавниот обвинител.
291. Жалителите понатаму нагласија дека веднаш после смртта на Carlo Giuliani, M.P., D.R. и F.C. го напуштиле местото на настанот (со џипот и оружјата) и биле отсутни сѐ додека јавниот обвинител не почнал да врши сослушувања неколку часа подоцна. Тие имале интервју со нивните надредени и можеле меѓусебно да комуницираат пред да бидат испитани од јавниот обвинител. Понатаму, D.R. дал изјава следниот ден после настаните, а некои од службениците за спроведување на правото биле испитани дури после значително задоцнување (капетанот Cappello дал изјава на 11 септември 2001, а неговиот заменик на 21 декември 2001).
292. Според жалителите, некоклку карабињери и полициски службеници, самиот questore, требале да бидат под истрага во судската постапка за смртта на Carlo Giuliani. Questura во Џенова имала „важна“ улога во планирањето, организацијата и раководењето со операциите за одржување на јавниот ред во текот на Г8 самитот. Questore od Џенова бил највисокиот службеник одговорен за јавниот ред, контролниот центар на полицијата бил раководен од questura и нејзините службеници издавале и спроведувале наредби за интервенција против маршот на Tute Bianche. За да се гарантира независноста и непристрасноста на истрагата, јавниот обвинител требал да ја довери на финансиската полиција (Guardia di finanza), сектор од полицијата кој не бил вклучен во настаните.
(ii) Владата
293. Владата тврдеше дека истрагата била спроведена со потребната брзина. Судската власт ги вложила сите напори настојувајќи да ги утврди фактите и ги употребила најнапредните технологии како и потрадиционални методи. Затоа, органите на прогонот и истражителите повторно ги испитале лицата кои веќе еднаш биле сослушани, кога тоа се сметало за потребно, и исто така ги испитале локалните жители кои сведочеле на настаните. Реконструкција на настаните и пробни истрели биле направени на местото на настанот. Обемен аудио-визуелен материјал од службите за спроведување на правото и приватни извори бил приклучен кон предметот. Три серии балистички испитувања биле наредени од канцеларијата на јавниот обвинител, а истражниот судија се повикала на материјал од извори блиски на самите демонстранти (приказ на настаните објавен на анархистичка веб-страница).
294. Истрагата била започната тековно и жалителите имале прилика да учестуваат во целост од самиот почеток застапувани од адвокати и преку назначување на вештаци по нивен избор. Посебно, вештаците на жалителите учествувале во третата серија на балистички испитувања и во реконструкцијата на настаните (види параграф 57 погоре).
295. Жалителите исто така можеле да упатуваат критики, да поднесуваат предлози кога се противеле на затворањето на случајот, а истражниот судија дала доволно детални причини за одбивањето на нивните предлози за понатамошна истрага (види параграф 104 погоре). Иако било точно дека жалителите не можеле да предложат итно изведување на докази во однос на првите дејствија во истрагата, проверки од тој вид биле прашања од исклучива надлежност на полицијата. Во однос на третата серија на балистички испитувања, јавниот обвинител ги прашал странките дали тие имале какви било приговори за употребата на постапката од член 360 од ЗКП, и такви приговори немало. Иако Владата се согласи дека првата и втората серија балистички испитувања биле спроведени унилатерално (види параграфи 54 и 55 погоре), таа тврдеше дека тие биле само рутински проверки, со цел само да се утврди дали потрошените патрони одговорале на оружјето на M.P. Понатаму, M.P веќе признал дека испукал два истрели, а оружјето во секој случај било испитано во текот на третата серија балистички тестови.
296. За само неколку мигови после трагедијата полицијата од Џенова (squadra mobile della questura di Genova) интервенирала и ја започнала истрагата. Карабињерите биле вклучени само во задачи од помала важност и воглавно само кога требало да одземат предмети кои им припаѓале – на пример, возилото и оружјето – или повикување на припадници на карабињерите. Понатаму, органите на прогонот ги сведувале делегираните задачи на минимум, преферирајќи да ги извршат најважните испрашувања самите како и тие кои можеле да бидат под влијание на фактот дека лицето кое го врши испитивањето е службеник за спроведувања на правото. Со оглед на степенот на автономија и независност на судството во Италија и фактот што истрагата морала да биде доверена на полициски орган, не може да се каже дека државата била пристрасна во ниту една смисла. Понатаму, заклучоците од истрагата и причините дадени за сопирање на постапката не дале повод да се претпостави дека имало каков било обид за прикривање.
297. Сите вештаци кои биле назначени од канцеларијата на јавниот обвинител биле цивили, со исклучок на вториот вештак за балистички испитувања, кој бил полициски службеник (види параграф 55 погоре). Во моментот на назначувањето на г-н Romanini органите на прогонот не биле свесни дека тој го искажал своето мислење дека M.P делувал во нужна одбрана (види параграф 56 погоре). Според Владата, целта на статијата на г-н Romanini била само да постави политичка теорија заснована на споредба помеѓу инцидентот за кој станува збор и претходен трагичен настан во Неапол. Фактот што тој ја напишал статијата не значел дела тој не можел да ја изврши својата задача објективно и непристрасно, а неговата задача се состоела во испитување дали фактите ја подржувале хипотезата дека M.P делувал во нужна одбрана. Комисијата на вештаци била прашана посебно да ги даде своите мислења за траекторијата на куршумот. Понатаму, улогата на г-н Romanini била сведена на спроведување на пробни истрели во присуство на други вештаци, жалителите и нивните вештаци. Таа „чисто техничка и во суштина физичка“ процедура не дозволила простор за однапред створени мислења кои би можеле да влијаат врз исходот на истрагата. Владата понатаму забележа дека жалителите не приговарале на назначувањето на г-н Romanini за вештак.
Б. Оцена на Судот
1. Општи принципи
298. Земајќи го во предвид нивниот фундаментален карактер, членовите 2 и 3 од Конвенцијата содржат процедурална обврска да се спроведе ефикасна истрага за наводните повреди на материјалниот аспект на овие одредби (види Ergi v. Turkey, 28 July 1998, § 82, Reports 1998‑IV; Assenov and Others v. Bulgaria, 28 October 1998, §§ 101-106, Reports 1998‑VIII; и Mastromatteo, цитиран погоре, § 89). Општа правна забрана на арбитрерно убивање од страна на службени лица на државата би била неефикасна, во пракса, ако не постои постапка за оцена на законитоста н употребата на смртоносна сила од страна на државните власти. Обврската да се заштити животот според оваа одредба, земена во врска со генералната должност на државата по член 1 од Конвенцијата „да им ги обезбедат на сите лица под нивна надлежност правата и слободите утврдени со Конвенцијата“, наложува последователно дека треба да има некаков вид на ефикасна службена истрага кога поединци биле убиени како последица на употреба на сила од, помеѓу останатото, службени лица на државата (види McCann and Others, цитиран погоре, § 161). Државата мора затоа да осигура, со сите средства со кои располага, соодветен одговор – судски или поинаков - за да законската и административната рамка поставена за да го заштити правото на живот е правилно имплементирана и дека секоја повреда на тоа право ќе биде кривично гонета и санкционирана (види Zavoloka v. Latvia, no. 58447/00, § 34, 7 July 2009).
299. Должноста на државата да спроведе ефикасна истрага се смета во судската пракса на Судот како должност која е инхерентна во член 2, кој наложува, помеѓу останатото, правото на живот да биде „заштитено со закон“. Иако пропуштањето да се почитува таквата должност може да има последици за правата заштитени со член 13, процедуралната обврска од член 2 се зема за посебна обврска (види İlhan v. Turkey [GC], no. 22277/93, §§ 91-92, ECHR 2000‑VII; Öneryıldız v. Turkey [GC], no. 48939/99, § 148, ECHR 2004‑XII; и Šilih v. Slovenia [GC], no. 71463/01, §§ 153-154, 9 April 2009). Таа може да доведе до наоѓање на посебно и независно „мешање“. Овој заклучок се темели на фактот што Судот постојано го испитувал прашањето за процедуралните обврски одвоено од прашањето за почитување на материјалната обврска (и, кога е соодветно, утврдувал повреда на член 2 од таа причина) и фактот што во неколку прилики била наведена повреда на процедуралната обврска од член 2 во отсуство на било каков жалбен навод за неговиот материјален аспект (види Šilih, цитиран погоре, §§ 158‑159).
300. За да една истрага за наводно незаконско убивање од страна на службени лица на државата биде ефикасна, може генерално да се смета за неопходно лицата кои се одговорни за истрагата и кои ја спроведуваат да бидат независни од тие кои се вклучени во настаните (види, на пример, Güleç, цитиран погоре, §§ 81‑82, и Oğur, цитиран погоре, §§ 91-92). Tоа значи не само да нема хиерархиска или институционална врска туку исто така подразбира практична независност. Она што е во прашање е самата доверба на јавноста во монополот на државата во употребата на сила (види Hugh Jordan, цитиран погоре, § 106; Ramsahai and Others [GC], цитиран погоре, § 325; и Kolevi v. Bulgaria, no. 1108/02, § 193, 5 November 2009).
301. Истрагата исто така мора да биде ефикасна во смисла на тоа дека може да доведе до утврдување на тоа дали употребената сила била оправдана или не во дадените околности (види, на пример Kaya v. Turkey, 19 February 1998, § 87, Reports 1998‑I) и до идентификување и – ако е соодветно – казнување на тие кои се одговорни (види Oğur, цитиран погоре, § 88). Tоа не е обврска во однос на резултатите, туку во однос на средствата. Властите мора да ги преземат сите разумни мерки кои можат за да ги обезбедат доказите во врска со инцидентот, вклучувајќи, помеѓу останатото, сведочење на очевидци, докази од судска медицина и, кога е соодветно, аутопсија која дава комплетен и точен запис за повредата и објективна анализа на клиничките наоди, вклучувајќи ја причината за смртта (во однос на аутопсии, види, на пример, Salman v. Turkey [GC], no. 21986/93, § 106, ECHR 2000-VII; во однос на сведоци, види, на пример, Tanrıkulu v. Turkey [GC], no. 23763/94, § 109, ECHR 1999‑IV; во однос на форензички испитувања, види, на пример, Gül v. Turkey, no. 22676/93, § 89, 14 December 2000). Секоја грешка во истрагата која ја нарушува нејзината способност да ја утврди причината за смртта или лицето кое е одговорно претставува ризик дека тој стандард нема да биде исполнет (види Avşar, цитиран погре, §§ 393-395).
302. Посебно, заклучоците од истрагата мора да бидат засновани на темелна, објективна и непристрасна анализа на сите релевантни елементи. Пропуштање да се следи очигледен тек на истрагата во одлучувачка мерка, ја доведува во прашање способноста на истрагата да се утврдат околностите на случајот и идентитетот на тие кои се одговорни (види Kolevi, цитиран погоре, § 201). Сепак, карактерот и степенот на контрола кои го исполнуваат минималниот праг за ефикасност на истрагата зависат од околностите на конкретниот случај. Тие мора да се оценат врз основа на сите релевантни факти и со оглед на практичната реалност на вршењето истрага (види Velcea and Mazăre v. Romania, no. 64301/01, § 105, 1 December 2009).
303. Понатаму, истрагата мора да биде достапна за семејството на жртвата во мерка која е потребна за да се заштитат нивните легитимни интереси. Исто така мора да постои јавна контрола на истрагата во доволна мерка, чиј степен ќе варира од случај до случај (види Hugh Jordan, цитиран погоре, § 109, и Varnava and Others v. Turkey [GC], nos. 16064/90, 16065/90, 16066/90, 16068/90, 16069/90, 16070/90, 16071/90, 16072/90 and 16073/90, § 191, ECHR 2009‑...; види исто така Güleç, цитиран погоре, § 82, каде таткото на жртвата не бил информиран за одлуката да не се преземе кривично гонење, и Oğur, цитиран погоре, § 92, каде семејството на жртвата немало пристап до истрагата или судските документи).
304. Сепак, откривањето или објавувањето на полициски извештаи и материјали од истрагата може да вклучи чувствителни прашања со можни штетни последици за приватните лица или други истраги и, затоа, не може да се смета за автоматска обврска од член 2. Потребниот пристап на јавноста или роднините на жртвата може затоа да се обезбеди во други фази од постапката (види, помеѓу други претходни одлуки, McKerr v. the United Kingdom, no. 28883/95, § 129, ECHR 2001‑III). Понатаму, член 2 не воведува должност за истражните органи да го исполнат секое барање за определена истражна мерка поднесено од член на семејството во текот на истрагата (види Ramsahai and Others [GC], цитиран погоре, § 348, и Velcea and Mazăre, цитиран погоре, § 113).
305. Обврската за ажурност и разумна брзина на истрагата е имплицитна во овој контекст (види Yaşa v. Turkey, 2 September 1998, §§ 102-104, Reports 1998-VI; Tanrıkulu, цитиран погоре, § 109; и Mahmut Kaya v. Turkey, no. 22535/93, §§ 106-107, ECHR 2000-III). Мора да се прифати дека може да има пречки или потешкотии кои го спречуваат напредокот на истрагата во определена ситуација. Сепак, навремен одговор од страна на органите при истражувањето на употреба на смртоносна сила може генерално да се смета за суштинско во одржувањето на довербата на јавноста во нивното почитување на владеењето на правото и спречувањето на секој изглед за тајни договори или толеранција на незаконски акти (види McKerr, цитиран погоре, §§ 111 and 114, и Opuz, цитиран погоре, § 150).
306. Сепак, не може да се заклучи од претходнонаведеното дека член 2 може да подразбира право да се бара кривично гонење на трета страна или на казнување за кривично дело (види Šilih, цитиран погоре, § 194; види исто така, mutatis mutandis, Perez v. France [GC], no. 47287/99, § 70, ECHR 2004‑I) или апсолутна обврска за секое кривично гонење да доведе до осуда, или до определена казна (види Zavoloka, цитиран погоре, § 34(c)).
Oд друга страна, домашните судови во никој случај не треба да дозволат кривични дела со кои се загрозува животот да останат неказнети. Задачата на Судот затоа се состои во оценување дали и во која мерка судовите, во донесувањето на нивната одлука, може да се смета дека го ставиле случајот под внимантелната оцена наложена од член 2 од Конвенцијата, за да воспитниот ефект на судскиот систем и важноста на улогата која треба да ја има во спречување на повреди на правото на живот не се поткопани (види Öneryıldız, цитиран погоре, § 96, и Mojsiejew v. Poland, no. 11818/02, § 53, 24 March 2009).
2. Примена на тие принципи во конкретниот случај
307. Судот на почетокот забележува дека заклучи, од гледна точка на материјалниот аспект на член 2, дека употребата на убиствена сила била „апсолутно потребна во одбраната на секој поединец од незаконско насилство“ (види параграф 194 погоре) и дека немало повреда на позитивната обврска да се заштити животот како последица на организацијата и планирањето на операциите на полициско работење во текот на Г8 самитот во Џенова и трагичните настани на плоштадот Алимонда (види параграф 262 погоре).
308. Во донесувањето на тој заклучок Судот, врз основа на информациите обезбедени со домашната истрага, имал доволно докази за да биде убеден дека M.P. делувал во нужна одбрана за да го заштити својот живот и физички интегритет како и на другите лица во џипот против сериозна и неодложна закана, и дека не можела никаква одговорност според член 2 од Конвенцијата да им се припише на лицата одговорни за организацијата и планирањето на Г8 самитот во Џенова.
309. Следува дека истрагата била доволно ефикасна за да овозможи да се утврди дали употребата на убиствена сила била оправдана во конкретниот случај (види ја судската пракса цитирана во параграф 301 погоре) и дека организацијата и планирањето на операциите на полициско работење биле компатибилни со обврската да се заштити животот.
310. Судот понатаму воочува дека неколкуте одлуки кои биле донесени од организаторите на Г8 и од страна на командата на батаљоните кои биле на терен биле испитани и предмет на контрола во текот на „судењето на дваесет и петмината“ (види параграфи 121-138 погоре) и на истрагата спроведена од страна на парламентарната комисија (види параграфи 107-117 погоре). Понатаму, questura од Џенова била предмет на административна инспекција (која идентификувала проблеми во организацијата на операциите за спроведување на правото и инциденти кои биле „потенцијално казниви“) а Одделението за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи предложило преземање на дисциплински мерки против неколку полициски службеници и questore од Џенова (види параграф 140 погоре).
311. Останува да се утврди дали на жалителите им бил обезбеден пристап до истрагата во мерка која е неопходна за да се заштитат нивните легитимни интереси, дали постапката го исполнувала условот за ажурност кој произлегува од судската пракса на Судот и дали лицата одговорни за истрагата и кои ја спроведувале истрагата биле независни од тие кои биле вклучени во настаните.
312. Во врска со тоа Судот забележува дека е точно дека според италијанскиот закон оштетената страна не може да бара да се приклучи кон постапката како граѓанска странка сѐ до подговителното рочиште, и дека немало такво рочиште во овој случај. Сепак, во фазата на прелиминарна истрага оштетените може да користат права и овластувања кои изречно им се доделени со закон. Тие го вклучуваат овластувањето да му предложат на јавниот обвинител да побара од истражниот судија итно изведување на докази (член 394 од ЗКП) и правото да назначат адвокат. Понатаму, оштетените може да поднесуваат поднесоци во било која фаза од постапката и, освен во касациона постапка, може да бараат некои докази да не се користат (член 90 од ЗКП - види Sottani, цитиран погоре, каде овие согледувања го раководеа Судот да заклучи дека граѓанско-процесниот аспект на член 6 § 1 бил применлив и на кривична постапка во која жалителот учествувал како оштетена страна но, не како граѓанска странка).
313. Не е спорно дека во случајот кој се разгледува жалителите имале можност да ги користат тие права. Посебно, тие назначиле вештаци по нивен избор, на кои им дале инструкција да подготват наод и мислење кои биле поднесени до органите на прогонот и истражниот судија (види параграф 64-66 погоре), и нивните застапници и вештаци учестувувале на третата серија балистички испитувања (види параграф 57 погоре). Понатаму, тие можеле да поднесат приговор против предлогот да се сопре постапката и да посочат дополнителни истражни мерки кои тие сакале да бидат преземени. Фактот што истражниот судија од Џенова, користејќи ги своите овластувања да ги оцени фактите и доказите, ги одбила нивните предлози (види параграф 104 погоре) сам по себе не доведува до повреда на член 2 од Конвенцијата, особено затоа што одлуката на истражниот судија по овие прашања според Судот не се чини дека е арбитрерна.
314. Жалителите посебно се жалеа дека тие немало доволно време да назначат вештак по нивен избор за аутопсијата на 21 јули 2001. Тие исто така се жалеа за „површниот“ карактер на извештајот од аутопсијата и неможноста да се извршат дополнителни медицински испитувања заради кремирањето на телото (види параграф 264 погоре).
315. Судот прифаќа дека давањето на известување за аутопсијата едвај три часа пред почетокот на испитувањето (види параграф 48 погоре) може да предизвика потешкотии во пракса, дури и да оневозможи, оштетените да ги остварат своите овластувања да назначат вештак по нивен избор и да го осигураат неговото присуство на испитувањата од судска медицина. Факт е, сепак, дека член 2 не наложува, како таков, да им биде обезбедена таа можност на роднините на жртвата.
316. Исто така точно е дека, кога медицинско испитување од страна на вештаци е клучно за утврдување на околностите на смртта, големи пропусти во спроведувањето на тоа испитување може да доведат до сериозни грешки кои може да ја поткопаат ефикасноста на домашната истрага. Судот донесол таков заклучок, посебно, во случај каде, после наводите дека смртта настапила како последица на тортура, извештајот од аутопсијата, потпишан од лекари кои не биле специјалисти по судска медицина, не дал одговор на некои фундаментални прашања (вид, Tanlı, цитиран погоре, §§ 149-154).
317. Случајот за кој сега се одлучува, во значителна мерка се разликува од Tanlı. Дотолку повеќе, жалителите не доставија докази за било какви сериозни пропусти во аутопсијата на Carlo Giuliani. Не се тврдеше ниту дека вештаците по судска медицина не ја утврдиле причината за смртта со сигурност; жалителите не го негираа пред Судот заклучокот на домашните власти дека Carlo Giuliani починал од истрелот испукан од страна на M.P.
318. Жалителите нагласија дека вештаците по судска медицина пропуштиле да го извадат делот од куршумот кој, според резултатите од скенирањето на телото, бил во главата на жртвата (види параграф 266 погоре). Судот воочува дека г-н Salvi, еден од вештаците, објаснил на „судењето на дваесет и петмината“ дека делот бил многу мал и многу тежок за пронаоѓање заради оштетеноста на мозочното ткиво и големата количина на крв. Тој бил сметан за „незначаен детал“ и било прекинато со неговото барање (види параграф 130 погоре).
319. Судот не смета дека е потребно да ја оцени важноста на тоа објаснување. Во разгледувањето на наводот на жалителите, само забележува дека делот за кој станува збор можеби би послужил за да се разјасни траекторијата на фаталниот куршум (и посебно дали тој се одбил од друг предмет пред да го погоди Carlo Giuliani). Сепак, како што Судот претходно воочи во однос на материјалниот аспект на член 2 (види параграфи 192-193 погоре), употребата на сила би била оправдана според оваа одредба дури и ако „теоријата за посреден предмет“ била отфрлена. Следува дека металниот дел за кој станува збор немал клучно значење за ефикасноста на истрагата Понатаму, Судот забележува дека кремирањето на телото на Carlo Giuliani, кое оневозможило дополнителни испитувања, било одобрено по барање на жалителите (види параграф 49 погоре).
320. Судот исто така воочува дека процедуралната обврска која произлегува од член 2 наложува да се спроведе ефикасна истрага и не наложува одржување на јавни расправи. Затоа, ако доказите собрани од властите се доволни за да се исклучи било каква кривична одговорност од страна на службено лица кое употребило сила, Конвенцијата не забранува постапката да биде сопрена во фазата на прелиминарна истрага. Како што Судот претходно заклучи, доказите собрани од органите на прогонот, и посебно снимките на нападот врз џипот, довеле до заклучок, надвор од разумно сомневање, дека M.P. делувал во нужна одбрана, што претставува причина за оправдување според италијанското кривично право.
321. Понатаму, не може да се каже дека органите на прогонот безусловно ја прифатила верзијата дадена од службениците за спроведување на правото вмешани во настаните. Тие не само што испитале бројни сведоци, вклучувајќи демонстранти и трети страни кои биле сведоци на настаните на плоштадот Алимонда (види параграфи 45-46 погоре), туку исто така и наредиле неколку форензички испитувања, вклучувајќи и медицинско испитување од страна на вештаци и три серии на балистички испитувања (види параграфи 48-50 и 54-62 погоре). Фактот што вештаците не се согласувале за сите аспекти од реконструкцијата на настаните (а посебно, во однос на оддалеченоста од која бил испукан истрелот и траекторијата на куршумот) не барал, сам по себе, да се преземат дополнителни истражни дејствија, со оглед на тоа дека судијата бил тој што требало да ја оцени важноста на објаснувањата дадени од различните вештаци и дали тие биле компатибилни со постоењето на причини за оправдување кои го ослободувале обвинетиот од кривична одговорност.
322. Точно е дека на карабињерите, значи, оружените сили чии припадници биле M.P. и F.C., им била дадена задача да преземат определени проверки (види параграф 290 погоре). Сепак, со оглед на техничкиот и објективниот карактер на тие проверки, не може да се каже дека тој факт негативно влијаел врз непристрасноста на истрагата. Да се заклучи спротивното би наметнало неприфатливи ограничувања во многу случаи на способноста на судовите да се повикаат на експертизата на службите за спроведување на правото, кои често имаат посебна компетентност за тоа прашања (види, mutatis mutandis и од гледна точка на член 6 од Конвенцијата, Emmanuello v. Italy (dec.), no. 35791/97, 31 August 1999). Во случајот за кој сега се одлучува, службите за спроведување на правото веќе биле на местото на настанот и затоа можеле да ја обезбедат областа и да бараат и да регистрираат било какви докази за истрагата. Со оглед на бројот на луѓе на плоштадот Алимонда и мешаницата која настанала откако биле испукани истрелите, властите не можат да бидат критикувани за тоа што не нашле мали предмети како што се куршумите испукани од M.P.
323. Според Судот, назначувањето на г-н Romanini за вештак отвора почувствителни прашања, затоа што отворено го бранел ставот, во статија напишана во специјализиран часопис, дека M.P. делувал во нужна одбрана (види параграф 56 погоре). Треба да се воочи во врска со тоа дека наодите на вештаците кои биле наредени во текот на истрагата биле предвидени, помеѓу останатото, да дадат докази за или против тој став. Присуството на вештак кој веќе имал мислење за предметот било затоа далеку од охрабрувачко (во однос на улогата на вештакот во судска постапка, види Brandstetter v. Austria, 28 August 1991, § 59, Series A no. 211). Сепак, г-н Romanini бил еден член од тимот составен од четворица вештаци (види, mutatis mutandis, Mirilashvili v. Russia, no. 6293/04, § 179, 11 December 2008). Тој бил назначен од органите на обвинителството, а не од истражниот судија и затоа не делувал како неутрален и непристрасен помагач на судијата (види, спротивно, Bönisch v. Austria, 6 May 1985, § 33, Series A no. 92, и Sara Lind Eggertsdóttir v. Iceland, no. 31930/04, § 47, ECHR 2007-VIII). Понатаму, испитувањата кои тој требало да ги спроведе за балистичкиот извептај биле во суштина од објективен и технички карактер. Затоа, неговото присуство не можело, само по себе, да ја компромитира непристрасноста на домашната истрага.
324. Понатаму, не било докажано од страна на жалителите дека истрагата не била непристрасна и независна или дека секторот на полицијата кој спровел определени мерки во истрагата бил вмешан во настаните до таа мерка да било потребно целата истрага да се довери на финансиската полиција (види ги наводите на жалителите во параграфите 283 и 292 погоре).
325. На крај, во однос на ажурноста на истрагата, Судот забележува дека таа била спроведена со потребната совесност и внимание. Carlo Giuliani починал на 20 јули 2001 а канцеларијата на јавниот обвинител ја завршила прелиминарната истрага, со предлог случајот да биде затворен, приближно една година и четири месеци покасно, кон крајот на 2002. На 10 декември 2002 жалителите изјавиле приговор против тој предлог (види параграф 76 погоре), а расправа пред истражниот судија од Џенова се одржала четири месеци покасно, на 17 април 2003 (види параграф 80 погоре). Одлуката за сопирање на постапката била оставена во секретаријатот дваесет и три дена покасно, на 5 мај 2003 (види параграф 82 погоре). Во овие околности, не може да се каже дека истрагата била нарушена со прекумерни одложувања или протек на време.
326. Со оглед на претходнонаведеното, Судот заклучува дека немало повреда на член 2 од Конвенцијата во неговиот процедурален аспект.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
327. Жалителите тврдеа дека тоа што помош не била дадена веднаш откако Carlo Giuliani паднал на земја и што џипот го прегазил неговото тело придонесло за неговата смрт и претставувало нечовечко постапување. Тие се повикаа на параграфите 5 и 8 од Принципите на ОН (види параграф 154 погоре) и на член 3 од Конвенцијата, кој предвидува:
„Никој не смее да биде подложен на тортура, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.“
328. Владата тврдеше дека овој жалбен навод бил очигледно неоснован, со оглед на тоа дека било заклучено во извештајот од аутопсијата дека прегазувањето на телото на Carlo Giuliani од страна на џипот немало било какви сериозни последици, а со оглед и на брзите напори да и се даде помош на жртвата.
329. Судскиот совет, забележувајќи дека не можело да се заклучи од однесувањето на службениците за спроведување на правото дека тие имале намера да му причинат болка или страдање на Carlo Giuliani, сметал дека не било потребно да се разгледа случајот според член 3 од Конвенцијата (види параграфи 260-261 од пресудата на Судскиот совет)..
330. Судот смета дека фактите на кои жалителот се жали спаѓаат во опсегот на анализата која ја изврши според член 2 од Конвенцијата. Затоа, не гледа причина да отстапи од пристапот кој го имал Судскиот совет во овој поглед.
IV. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОВИТЕ 6 И 13 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
331. Жалителите се жалеа дека не им била обезбедена истрага која била во согласност со процедуралните услови кои произлегуваат од членовите 6 и 13 од Конвенцијата.
Член 6 § 1, во делот во кој е релевантен за овој случај, предвидува:
“Секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски ...“
Член 13 oд Конвенцијата предвидува:
„Секој, чии права и слободи признати со оваа Конвенција, се нарушени, има право на жалба пред национален орган, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност.“
332. Жалителите тврдеа дека, со оглед на неконзистентните и некомплетни заклучоци од истрагата, случајот барал подетална анализа во рамките на вистински контрадикторна постапка.
333. Владата го повика Судот да одлучи дека немало посебно спорно прашање според членовите 6 и 13 од Конвенцијата или, пак, дека немало повреда на тие одредби, со оглед на начинот на која била спроведена истрагата и фактот што жалителите учествувале во неа.
334. Судскиот совет сметал дека, со оглед на наоѓањето на повреда на член 2 од Конвенцијата во неговиот процедурален аспект, не било потребно да се разгледа случајот според член 13 и член 6 § 1 (види параграфи 265‑266 oд пресудата на Судскиот совет).
335. Со оглед на тоа дека во овој случај жалителите немале можност според италијанскиот закон да побараат да се приклучат кон кривичната постапка против M.P. како граѓанска странка (види спротивно и mutatis mutandis, Perez, цитиран погоре, §§ 73-75), Судот смета дека нивните жалбени наводи не треба да се разгледаат според член 6 § 1 oд Конвенцијата, туку во светло на погенералната обврска за државите договорнички според член 13 од Конвенцијата да предвидат ефикасен правен лек за повреди на Конвенцијата, вклучувајќи го и член 2 (види, mutatis mutandis¸ Aksoy v. Turkey, 18 December 1996, §§ 93-94, Reports 1996-VI).
336. Судот повторува дека „ефикасноста“ на еден „правен лек“ во смисла на член 13 не зависи од сигурност во позитивен исход за жалителот. Ниту пак „органот“ споменат во таа одредба нужно мора да биде судски орган; но, ако не е судски орган, неговите овластувања и гаранциите кои ги дава се релевантни во утврдувањето дали правниот лек е ефикасен. Исто така, ако еден правен лек не ги исполнува условите од член 13 во целост, повеќе правни лекови заедно, предвидени со домашното право може да ги исполнуваат тие критериуми (види Abramiuc v. Romania, no. 37411/02, § 119, 24 February 2009).
337. Во овој случај Судот одлучи дека била спроведена ефикасна домашна истрага која ги иполнува условите за ажурност и непристрасност според член 2 од Конвенцијата, во однос на околностите на смртта на Carlo Giuliani (види параграфи 307-326 погоре). Таа истрага можела да доведе до идентификација и казнување на одговорните лица. Точно е дека жалителите не можеле да се приклучат на постапката како граѓанска странка; сепак, тие можеле да ги користат овластувањата кои им се дадени според италијанското право. Во секој случај, тоа што немале статус на граѓанска странка било последица на фактот што надлежниот судија одлучил дека не било извршено кривично дело кое е казниво според кривичното право. На крај, ништо не ги спречувало жалителите да поднесат граѓанска тужба за надомест на штета или пред или во исто време со кривичната постапка.
338. Во овие околности, Судот смета дека жалителите имале на располагање ефикасни правни лекоби во однос на нивниот жалбен навод според член 2 од Конвенцијата.
339. Следува дека немало повреда на член 13 од Конвенцијата.
V. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 38 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
340. Жалителите тврдеа дека Владата не соработувала во доволна мера со Судот. Тие се повикаа на член 38 од Конвенцијата, кој предвидува:
„Судот ќе го разгледа случајот заедно со претставници на страните и, доколку е потребно, ќе покрене истрага, за чие ефективно спроведување засегнатите Високи страни договорнички ќе ги обезбедат сите неопходни услови.“
341. Според жалителите, Владата дала неточни или нецелосни одговори (на пример, работното искуство на карабињерите во џипот и присуството на штит за немири во возилото). Таа исто така пропуштила да даде детали за некои суштински околности. Посебно, таа пропуштила да:
– даде детали за командната структура на полицијата и карабињерите до врвот на таа структура;
– ги прецизира критериумите за селекција на службени лица кои треба да се распоредат на операции за одржување на јавниот ред;
– достави документи со кои се потврдува работното искуство на засегнатите карабињери (fogli matricolari);
– ги достави наредбите кои полицискиот службеник Lauro и службениците кои раководеле со групата ги примиле од нивните надредени;
– да го кажат идентитетот на лицето кое го наредило нападот на маршот на Tute Bianche;
– да достави записи од релевантните разговори по радио врска.
342. Владата забележа дека нејзиното право да го брани својот став било „свето“ и дека, во секој случај, таа ги доставила сите информации со кои располагала на Судот. Во однос на информациите во врска со нападот врз маршот на Tute Bianche, таа тврдеше дека тоа не било поврзано со настаните кои се главен предмет на оваа жалба.
343. Судскиот совет сметал дека немало повреда на член 38 од Конвенцијата затоа што, иако информациите доставени од Владата не одговориле исцрпно на сите прашања наведени погоре, некомплетниот карактер на тие информации не го спречил Судот да го разгледа случајот (види параграфи 269-271 од пресудата на Судскиот совет).
344. Судот не гледа причина да отстапи од пристапот на Судскиот совет по ова прашање. Затоа заклучува дека немало повреда на член 38 од Конвенцијата.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучува, со тринаесет гласови против четири, дека немало повреда на член 2 од Конвенцијата во неговиот материјален аспект во однос на употребата на убиствена сила;
2. Одлучува, со десет гласови против седум, дека немало повреда на член 2 од Конвенцијата во неговиот материјален аспект во однос на домашната законска рамка со која се регулира употребата на смртоносна сила или во однос на оружјата дадени на службите за спроведување на правото на Г8 самитот во Џенова;
3. Одлучува, со десет гласови против седум, дека немало повреда на член 2 од Конвенцијата во неговиот материјален аспект во однос на организацијата и планирањето на полициските операции во текот на Г8 самитот во Џенова;
4. Одлучува, со десет гласови против седум, дека немало повреда на член 2 од Конвенцијата во неговиот процедурален аспект;
5. Одлучува, едногласно дека не е потребно да се разгледа случајот според членовите 3 и 6 од Конвенцијата;
6. Одлучува, со тринаесет гласови против четири, дека немало повреда на член 13 од Конвенцијата;
7. Одлучува, едногласно дека немало повреда на член 38 од Конвенцијата.
Изработена на англиски и на француски, и донесена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 24 март 2011.
Vincent BergerJean-Paul Costa
ЈурисконсултПретседател
Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и правило 74 § 2 oд Правилникот на Судот, следните издволени мислења се приклулени кон оваа пресуда.
(a) Заедничко издвоено мислење на судиите Rozakis, Tulkens, Zupančič, Gyulumyan, Ziemele, Kalaydjieva и Karakaş со кое делумно не се согласуваат со мнозиството на судии;
(б) Заедничко издвоено мислење на судиите Tulkens, Zupančič, Gyulumyan и Karakaş со кое делумно не се согласуваат со мнозиството на судии;
(в) Заедничко издвоено мислење на судиите Tulkens, Zupančič, Ziemele и Kalaydjieva со кое делумно не се согласуваат со мнозиството на судии.
J.-P.C.
V.B.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC датабазата на судска пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на случајот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако целта е да се употреби било кој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy