© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2014. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ ГУЦАНОВИ (GUTSANOVI) против БУГАРИЈА
(Жалба бр. 34529/10)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
15 Октомври 2013
Оваа пресуда станала конечна согласно условите утврдени во членот 44 став 2 од Конвенцијата. Таа може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот на Гуцанови (Gutsanovi) против Бугарија,
Европскиот Суд за Човекови Права (Четврт Оддел), заседавајќи во Совет составен од:
Инета Зеиемеле (Ineta Ziemele), претстедател,
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Џорџ Николау (George Nicolaou),
Леди Бианку (Ledi Bianku),
Здравка Калајџиева (Zdravka Kalaydjieva),
Кристоф Војтицек (Krzysztof Wojtyczek),
Фарис Вехабовиќ (Faris Vehabović), судии,
и Франсоаз Еленс-Пасос (Françoise Elens-Passos), секретар на одделот,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 24 септември 2013 г.,
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлезе од жалба (бр. 34529/10) против Република Бугарија поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и фундаменталните слободи („Конвенцијата“) од страна на четворица бугарски државјани, г-дин. Борислав Гуцанов (Borislav Gutsanov), г-ѓа Моника Владимирова Гуцанова (Monika Vladimirova Gutsanova), г-ца С. Гуцанова (S. Gutsanova) и г-ца Б. Гуцанова ( B. Gutsanova) („жалителите“), на 21 мај 2010 г..
2. Жалителите беа застапувани од г-ѓа С. Бачварова-Желјазкова (S. Bachvarova-Zhelyazkova), адвокат во Варна, и од г-дин. М. Екимџиев (M. Ekimdzhiev), адвокат во фирмата Екимџиев, Бончева и Черничерска (Ekimdzhiev, Boncheva and Chernicherska) во Пловдив. Бугарската влада („Владата“) беше застапувана од нејзиниот агент, г-ѓа. Н. Николова (N.Nikolova), која потоа беше заменета од г-ѓа. М. Коцева (M. Kotseva) и г-дин. В. Обретенов (V. Obretenov) од Министерството за правда.
3. Жалителите тврдеа, особено, дека операцијата на полициските органи во нивниот дом рано наутро на 31 март, 2010 им предизвикала психолошка траума која била еднаква на понижувачко постапување. ...
4. На 4 април 2011 г. Судот ја извести Владата за жалбата . Исто така беше одлучено дека Советот ќе одлучува за допуштеноста и основаноста на случајот во исто време (член 29 став 1 од Конвенцијата).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
5.Жалителите се родиле во 1967, 1972, 2002 и 2004 година и живеат во Варна. Првите двајца жалители се брачна двојка, а третиот и четвртиот жалител се нивните малолетни ќерки.
А.Општиот контекст на случајот
6.Првиот жалител, г-дин Борислав Гуцанов, е член на парламентот од Социјалистичката партија, член на Централното извршно биро на Социјалистичката партија и заменик-претседател на неговата подрачна единица. Во релевантниот период тој бил претседател на Општинскиот совет од Варна, избраник од неговата партиска листа.
7.Меѓу декември 2009 и април 2010 година бугарското Министерство за внатрешни работи спровело неколку полициски операции низ целата земја со цел разбивање на разни криминални групи. Во текот на овие операции полицијата уапсила голем број на поединци, вклучувајќи и некои политички фигури, факт кој предизвикал широка медиумска покриеност и јавен интерес. Неколку политичари, вклучувајќи го Премиерот и Министерот за внатрешни работи, како и одреден број на обвинители и полициски комесари, биле редовно барани од медиумите за да коментираат за апсењата и последичните кривични постапки.
8.Повеќе жалби биле поднесени пред Судот по овие настани (бр. 26966/10, Maslarova v. Bulgaria; бр. 30336/10, Aleksey Petrov (II) v. Bulgaria; бр. 37124/10, Kostadinov v. Bulgaria; бр. 44885/10, Tsonev v. Bulgaria; бр. 45773/10, Petrov and Ivanova v. Bulgaria; и бр.. 55388/10, Stoyanov and Others v. Bulgaria).
Б. Полициската операција во домот на жалителите
9.На 30 октомври 2009 година, софиската канцеларија на Јавниот обвинител отпочнала кривична постапка против непознато лице или лица заради злоупотреба на службената должност од страна на јавен службеник и проневера на јавни фондови што резултирало со значителна штета нанесена на претпријатието за јавен превоз на Варна. Фактите во прашање се случиле помеѓу 2003 и 2007 година. На 8 февруари 2010 година, Генералниот обвинител наредил прдметот од кривичната истрага да биде испратен до Канцеларијата на регионалното јавно обвинителство од Варна. Истрагата требала да биде извршена од страна на варненската полиција под надзор на канцеларијата на регионалното обвинителство.
10.На 31 март 2010 година, во текот на кривичната истрага, полициски службеници влегле во домот на жалителите околу 6 часот и 30 минути и го уапсиле г-дин Гуцанов и ги претресле просториите. Настаните околу полициската операција биле оспорени од страните.
1.Верзијата на жалителите
11.Во раните утрински часови на 31 март, 2010 година, г-дин и г-ѓа Гуцанови спиеле во нивната спална соба на вториот кат од нивната куќа во Варна. Нивните две ќерки спиеле во своите соби на подолниот кат. Семејната куќа била опремена со систем за видео-надзор, и ноќен чувар, Д.П. (D.P.), бил на должност на влезот на имотот.
12.Околу 6 часот и 30 минути, Д.П. забележал на екранот за видео-надзор две или три полициски возила кои минале крај влезната порта бешумно и со изгаснати фарови и запреле малку подоле.
13.Набргу потоа група на полицајци се појавила на влезот на имотот и некои од нив почнале да тропаат гласно на портата, барајќи да им се отвори веднаш. Д.П. го напуштил своето чуварско место и ја отворил портата. Тој потоа видел двајца полицајци во обична облека, четири или пет униформирани полицајци и група од четири или пет маскирани полицајци од специјалната единица за командоси на Министерството за внатрешни работи. Д.П. бил имобилизиран и му биле ставени лисици од страна на полицајците и бил запрашан дали сопствениците на куќата биле дома. Тој рекол дека се дома и им кажал на полицајците дека имало две мали деца во куќата. му било побарано да ја отвори влезната врата на куќата, но тој објаснил дека ги немал клучевите.
14.Полицајците тогаш се стрчале кон вратата на куќата викајќи „Полиција! Отварајте!“. Некои од полицајците почнале да ја отвораат вратата со користење на различни алатки (ударен овен, лост и хебла). Според изјавата на Д.П., полицајците успеале да ја отворат вратата, по пет или десет минути, и влегле во делот на скалиптето од куќата.
15. Г-дин г-ѓа Гуцанови изјавиле дека биле разбудени ненадејно од звукот на ударите на вратата и викањето. Тие отрчале надолу до долниот кат и ги земале нивните ќерки во својата спална соба на вториот кат од куќата.
16. Г-дин Гуцанов рекол дека тој потоа излегол од спалната соба со цел да види што се случувало. Во тој момент слушнал неколку лица кои доаѓале по скалите викајќи „Излезете“ и „Ние сме полицајци“. Тој веднаш се вратил на вториот кат во спалната соба каде што биле неговата сопруга и ќерки. Кратко време потоа вооружени и маскирани полицајци влегле во собата на родителите и го впериле нивното оружје, опремено со ламби, во г-дин. Гуцанов и неговата сопруга и двете ќерки, викајќи „Полиција! Не мрдајте!“. Г-дин Гуцанов бил притиснат до ѕидот пред да биде одведен на подолниот кат каде бил принуден да коленичи и бил врзан со лисици.
17.Според изјавите дадени од г-дин и г-ѓа Гуцанови, нивните две ќерки, кои биле на креветот на нивните родители, врескале и плачеле од страв. Полицајците и наредиле на г-ѓа Гуцанова да ги покрие преку глава со покривката, и тоа го направила.
18.Набрзо потоа, на г-дин Гуцанов му било дозволено да оди до вториот кат и да се облече.
19. Во 7 часот и 30 минути, пристигнале семејниот возач и дадилката и ги одвеле двете девојчиња во училиште. По училиштето, девојчињата отишле во домот на нивната тетка и ја поминале ноќта таму.
20.Во поткрепа на нивната верзија на настаните жалителите поднеле изјава напиашана на рака и без дата од страна на г-дин Гуцанов, изјава од 7април 2010 г. потпишана од неговата сопруга, изјава напишана на рака датирана од 8 април 2010 г. и потпишана од ноќниот чувар Д.П. и изјава напишана на рака датирана од април 2010 г. со потписот на семејниот приватен возач. Тие, исто така, поднеле временски извештај од метеоролошка служба во Варна наведувајќи дека, на тој ден, сонцето изгреало во 6 часот и 52 минути и дека зората траела триесет и една минута. Тие понатаму доставиле копија од интервјуто што го дала г-ѓа Гуцанова на неделникот Галерија и што било објавено на 8 април 2010 година.
21.Жалителите исто така поднеле видео снимка на телевизиска емисија „Афера“ емитувана на 11 април 2010 година на Скат (Skat), приватен телевизиски канал. Емисијата вклучувала интервју со г-ѓа Гуцанова како и некои снимки од нивниот систем за видео-надзор снимени утрото на 31 март 2010 година. Првата секвенца покажува две лесни возила и полициско комбе кои возат покрај имотот на жалителите. Во втората секвенца, може да се види униформиран полициски службеник како тропа на металната порта од куќата, по што вратата се отвора. Третата секвенца покажува двајца специјалци, облечени во црно и вооружени со автоматски пушки опремени со ламби, како инспектираат дел од градината, и еден човек во цивилна облека кој се појавува на вратата. Човекот се враќа во куќата проследен од двајцата специјалци. Четвртата секвенца покажува двајца сепцијалци како трчаат кон куќата, оставајќи зад себе еден униформиран полициски службеник и еден човек во цивилни алишта. Последните двајца мажи како да гледаат кон врвот на куќата. Следната секвенца, снимена од страна на новинар, ја покажува состојбата на стаклената врата од куќата по упадот на полицајците: окната се недопрени, но рачката, клучот и бравата се искорнати.
2.Верзијата на Владата
22.На 30 март 2010 година варненскиот регионален раководител на службата за борба против организиран криминал и варневското регионално јавно обвинителство го одобриле планот за спроведување на операција во контекст на кривична постапка против непознато лице или лица заради проневера на јавни фондови кои припаѓаат на претпријатието за градски јавен превоз од Варна (видете став 9 погоре). Планот вклучувал апсење на петмина поединци осомничени дека ги сториле кривичните дела во прашање, вклучувајќи го г-дин Гуцанов, и претресување на домовите и канцелариите на осомничените. Операциите требало да се извршат следното утро, на 31март 2010 година, и да се спроведат истовремено од пет тимови составени од истражни полициски службеници, униформирани полицајци и вооружени и маскирани припадници на специјалните единици.
23.Тимот избран за операцијата во домот на жалителите добил инструкции од претпоставените во 5 часот и 30 минути на денот од полициската операција. Полицајците биле предупредени дека г-дин Гуцанов имал дозвола за поседување пиштол Глок 17Ц што го чувал дома.
24.Во 6 часот и 30 минути на 31 март 2010 година, тимот за интервенции, составен од полицајци во цивилна облека, два униформирани полицајци и четворица специјалци облечени во црно со панцирни елеци на кои пишувало „Полиција“, дошле во домот на жалителите. Полицајците тропнале на металната порта на имотот, која им била отворена од страна на човек кој рекол дека е чувар. Тој објаснил дека тој не ги има клучевите од вратата на куќата и дека единствените лица што биле внатре биле г-дин Гуцанов, неговата сопруга и нивните две деца. Двајцата специјалци тогаш свртеле околу куќата, со цел да ги обезбедат другите можни излези, додека другите двајца полицајцисе стрчале кон влезната врата на куќата и почнале да чукаат и викаат „Полиција! Отворете!". Униформираните полицајци останале во градината пред влезната врата.
25.По пет минути полицајците виделе силуета на човек преку панорамските прозорци на куќата. Тие извикале "„Полиција. Дојдете овде! Отворете ја вратата!“. Г-дин Гуцанов наводно бил виден двапати како гледа низ прозорец, но не слегол. Специјалците насила ја отвориле влезната врата и влегле во куќата. Еден од нив го видел г-дин Гуцанов кај скалите и му викнал: „Полиција! Дојдете ваму полека! Покажете ги рацете!". Жалителот одбил да послуша и се стрчал до катот горе. Полицајците го следеле, викајќи „Полиција! Стоп!". Жалителот поминал низ вратата на вториот кат и кога полицајците дошле поблиску виделе дека тој отишол во спалната соба каде што се наоѓала неговата сопруга и двете ќерки. Во тој момент жалителот излегол од собата и бил врзан со лисици. Тој им побарал дозвола да се облече и бил однесен во истата спална соба од еден од маскираните полицајци.
26. Во ниту еден момент за време на операцијата, полициските службеници не се обратиле со г-ѓа Гуцанова или нејзините две ќерки. Полицаецот кој отишол во спалната соба не носел огнено оружје, туку имал само електрошок пиштол Тасер. Полицаецот останал во спалната соба само толку колку за да му овозможи на г-дин Гуцанов да си најде алишта, и тие потоа ја напуштиле собата заедно. Жалителот бил предаден на другите полициски службеници, и специјалеците ги напуштиле просториите веднаш потоа.
27.Владата ги поднела следните документи во поддршка на својата верзија на настаните: акциониот план за операцијата во прашање, извештај од регионалната дирекција на Министерството за внатрешни работи, три извештаи од страна на полиските службеници од Министерството кои учествувале во операцијата, вклучувајќи го и Раководителот на тимот за специјални операции, записникот од претресот одобрен од страна на судија и два налози издадени од страна на канцеларијата на регионалниот јавен обвинител од Варна од 7 април 2010 година. Владата исто така доставила фотографии објавени во печатот од куќата на жалителите на кои се гледала, меѓу другото, стаклена фасада која гледала кон градината.
В. Психолошката состојба на жалителите по полициската операција во нивниот дом
28. Г-ѓа Гуцанова изјавила дека нејзината помлада ќерка, Б., имала пелтечење заради кое одела на терапија кај логопед во текот на една година, и дека таа почнала одново да пелтечи по настаните од 31 март, 2010 година.
29. Според изјавата од страна на наставничката одговорна за С., постарата ќерка на двојката, таа била видно под стрес и невообичаено тивка на 31 март 2010 година. Сестрата на г-дин Гуцанов, која се грижела за својата внука во сопствениот дом истиот ден, забележала дека детето било вознемирено. Девојчето наводно зборувало неколку пати тој ден за тоа што се случило во ниваната куќа. Оттогаш, таа била уплашена кога и да видела полицајци.
30. На 12 април 2010 г. двете ќерки на г-дин и г-ѓа Гуцанови биле прегледани од страна на психијатар, кој утврдил дека сеќавањето на настаните од 31 март 2010 г. предизвикувало анксиозни реакции кај двете девојчиња, во облик на вознемиреност и страв во случајот на постарото девојче и напади на плачење во случајот на помладата. Психијатарот не забележал каква и да е друга друга психичка компликација кај децата.
31.По настаните од 31 март 2010 година, г-ѓа Гуцанова посетила психијатар во два наврата. Таа се пожалила, меѓу другото, на несоница и вознемиреност и и биле препишан апчиња за смирување.
...
II. РЕЛЕВАНТНОТО НАЦИОНАЛНО ПРАВО И СУДСКА ПРАКСА
...
Г. Одговорност на државата за нанесена штета
67.Членот 1 (1) од Законот за одговорност на државата и општините за нанесена штета им овозможува на поединците да добијат надомест за штета предизвикана од незаконски одлуки, делување или неделување на државните или општинските органи или службеници при вршењето на нивните административни должности. Според воспоставената судска пракса на бугарскиот Врховен касационен суд, дејствата на органите задолжени за кривична истрага и кривично гонење во контекст на кривичната постапка не се спаѓаат во доменот на административните функции и оттука се исклучени од опсегот на оваа одредба (Решение № 615 от 10 юли 2001 г. на ВКС по гр. д. № 1814/2000 г.; Тълкувателно решение № 3 от 22 април 2004 г. на ВКС по тълк. д. № 3/2004 г., ОСГК). Согласно член 2 од Законот во сила во времето на фактите, органите задолжени за кривичната истрага и кривичното гонење, како и судовите се сметале за одговорни во следниве околности: незаконски притвор; покренување на обвинение или осуда проследени со прекинување на кривичната постапка или ослободување; задолжителен прием во болница или други присилни мерки наредени од суд кои подоцна биле поништени како незаконски; извршување на казна која го надминува првичното времетраење или првичниот износ (видете, исто така, Iliya Stefanov v. Bulgaria, бр. 65755/01, §§ 28 29, 22 мај 2008; Kandzhov v. Bulgaria, бр. 68294/01, §§ 35-39, 6 ноември 2008; и Bochev v. Bulgaria, бр. v . . 73481/01, §§ 37-39, 13 ноември 2008).
...
ПРАВОТО
...
I. ЗА НАВЕДЕНИТЕ ПОВРЕДИ НА ЧЛЕНОТ 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
77.Жалителите тврдат дека полициската операција во нивниот дом ги подложила на постапување кое е во спротивност со членот 3 од Конвенцијата, кој предвидува:
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.“
78.Жалителите се жалеле особено дека начинот на кој билa спроведенa полициската операција - пред разденување, од маскирани и тешко вооружени полицајци кои влегле насила и го впериле оружјето во нив и му ставиле лисици на г-дин Гуцанов принудувајќи го да коленичи - ги подложил на тешко психичко искушение кое содветствува на понижувачко постапување.
79.Во нивните писмени забелешки од 6 јануари 2012 година жалителите се жалеле на недостатокот од кривична истрага во однос на нивните наводи за несоодветно постапување‑ за време на полициската операција од 31 март 2010 година.
А. Допуштеност
1. Жалбениот навод во врска со полициската операција од 31 март 2010 г.
(a) Забелешките на Владата
80.Владата тврди дека овој жалбен навод треба да биде одбиен заради неисцрпување на домашните правни лекови и заради непочитување на рокот од шест‑месеци, како и поради тоа што бил преуранет и жалителите немале статус на жртви.
81.Таа забележува, најпрво, дека кривичната истрага против г-дин Гуцанов е се уште во тек, од што произлегува дека жалбениот навод според членот 3 е преуранет.
82.Според Владата, жаллителите не го биле поднеле жалбениот навод за понижувачко постапување пред надлежните органи. Покрај тоа, тие не биле поднелe барање за отштета согласно членот 2 на Законот за одговорност на државата за нанесена штета. Затоа тие не ги исцрпиле правните лекови кои биле вообичаено достапни и ефикасни според домашното право.
83.Владата понатаму забележува дека, во одлука од 7 април 2010 година, варненското регионално јавно обвинителство одлучило да не покрене кривична постапка против полицајците кои влегле во домот на жалителите. Кривичните надлежни органи навеле, меѓу другото, дека полициското дејствување не претставувало кривично дело. Таа понатаму тврди дека дејствувањето во прашање во ниеден случај немало за цел да го повредат достоинството на жалителите или пак на истите да им предизвика психолошка штета; соодветно на тоа, истото не може да се смета за постапување некомпатибилно со член 3 од Конвенцијата. Според Владата жалителите оттука не би можеле да тврдат дека се жртви на повреда на нивните права гарантирани со тој член.
(б)Забелешките на жалителите
84. Жалителите не го оспоруваат фактот дека тие не поднеле кривична пријава против полициските службеници кои влегле во нивниот дом на 31 март 2010 година. Сепак, тие тврдат дека таков правен лек ќе бил очигледно неефикасен особено поради две причини. Прво, не постои одредба во бугарското кривично право со која би се сметало за казниво дело понижувачкото постапување кон другите кое произлегува од психолошки притисок. Второ, како што Судот увидел во серија на случаи кои се однесувале на операции на припадници на специјалните единици на националните полициски сили, систематското одбивање на властите да го откријат идентитетот на засегнатите полициски службеници би ја направила секоја кривична истрага во врска со истите неефикасна.
85.Одлуката да нема кривично гонење издадена од страна на регионалното јавно обвинителство во конкретниот случај само би ја потврдила неефикасноста на кривичната пријава. Јавниот обвинител наводно донел одлука да не се започне кривична постапка против полициските службеници кратко време по отворањето на предметот, само врз основа на два извештаи од страна на полициските службеници и без да се земат изјави од други сведоци или да се соберат други докази. Жалителите не биле информирани за таа одлука и биле лишени од секаква можност да бидат вклучени во истрагата.
86.Што се однесува на можното барање за отштета во рамките на Законот за одговорност на државата во случај на нанесена штета, жалителите тврдат дека и тоа исто така не би можело да се смета како ефективен домашен правен лек во нивниот случај. Според воспоставената судска пракса на домашните судови, членот 1 од Законот, согласно кој државата може да се смета за одговорна за штета која е предизвикана од дадено административно постапување, не бил применлив во однос на преземените дејствија од страна на полициските службеници за спроведување на истражните мерки во контекст на кривична постапка, зашто тие повеќе би спаѓале во доменот на судската постапка, а не во оној на извршувањето на административните функции. Понатаму, во обврзувачка толковна пресуда донесена во 2005 година, Врховниот касационен суд појаснил дека кога административните органи, вклучувајќи ја и полицијата, извршуваат мерки наредени од правосудните органи, барањето за отштета против државата можело да се поднесе само против последниве врз основа на членот 2 од Законот за одговорност на државата за нанесена штета. Меѓутоа, членот 2 предвидува отштета само во ограничен број на ситуации. Единственото што би можело евентуално да се примени во овој случај би било ослободувањето на г-дин Гуцанов и подоцнежното прекинување на кривичната постапка против него. Сепак, би било тешко за жалителите да ги докажат своите наводи со оглед на тоа дека сите сведоци на настаните биле полициски службеници кои учествувале во операцијата на 31 март 2010 година.
(в) Оценка на Судот
87.Судот забележува наjјпрво дека Владата покренала неколку приговори за недопуштеност во однос на жалбата според членот 3 од Конвенцијата. Во поглед на поднесоците на страните, тој смета дека прашањата во однос на почитувањето на рокот од шест месеци и наводната преуранета природа на жалбата се тесно поврзани со приговорот за неисцрпување на правните лекови поднесен од страна на Владата. Затоа тој смета дека е соодветно најпрво да се се утврди дали жалителите во конкретниот случај го испочитувале правилото за исцрпување на домашните правни лекови.
(i) Приговор за неиспцрпување на домашните правни лекови
88.Судот повторува дека правилото за исцрпување на домашните правни лекови наведено во членот 35 став 1 од Конвенцијата ги обврзува жалителите прво да ги искористат правните лекови кои се вообичаено достапни и доволни во домашниот правен систем за да бидат обештетени за наводните повреди. Постоењето на правните лекови мора да биде доволно сигурно, во пракса како и во теорија, во спротивно ќе им недостасува бараната достапност и ефективност (видете, меѓу многу други, Salman v. Turquey [GC], бр. 21986/93, § 81, ECHR2000‑VII, и Ilhan v. Turkey [GC], бр. 22277/93, § 58, ECHR 2000‑VII).
89.Со оглед на тоа дека Владата тврди дека има неисцрпување на домашните правни лекови нејзина обврска е да го убеди Судот дека правниот лек бил ефективен и достапен во теорија и во пракса во релевантниот период. Откако тоа ќе се докаже, тогаш жалителот е должен да утврди дека правниот лек на кој се повикува владата навистина бил исцрпен или пак поради некоја причина бил несоодветен и неефикасен во конкретните околности на случајот или дека постоеле посебни околности кои го ослободувале него од обврската да го искористи (видете Akdivar and Others v. Turkey, 16 September 1996, § 68, Reports of Judgments and Decisions 1996‑IV). .
90. Според утврдената судска пракса на Судот, правниот лек којвообичаено е на располагање во бугарското право во врска со нечовечко и понижувачко постапување наводно починето од страна на полициски службеници е поднесувањето на кривична пријава до јавното обвинителството (видете, меѓу многу други, Assenov and Others v. Bulgaria, 28 отомври 1998, § 86, Reports 1998‑VIII; Osman and Osman v. Bulgaria (dec.), бр. 43233/98, 6 мај 2004; и Kemerov v. Bulgaria (dec.), no. 44041/98, 2 септември 2004). Жалителите во конкретниот случај не доставиле таква кривична пријава до јавниот обвинител против полициските службеници кои влеле во нивниот дом утрото на 31 март 2010 г. Тие тврдат во однос на oва дека кривична пријава до јавното обвинителство не може да се смета како ефикасно правно средство во нивниот случај, со оглед на природата на лошото постапување на кое тие биле изложени и недостатоците на домашното казнено право (видете став 84 погоре).
91.Судот забележува дека во својата пресуда во случајот Hristovi v.Bulgaria (бр.42.697 / 05, § 95, 11 октомври 2011 г), тој ја истакнал својата загриженост заради начинот на којшто бугарскиот кривичен закон ги третира постапките кои предизвикуваат психолошки страдања. Тој особено констатирач дека, со исклучок на многу специфичи случаи на смртни закани, бугарскиот кривичен законик не предвидувал кривично гонење на дела починети од страна на полициски службеници кои доведуваат до овој вид на страдање, коишто се случиле, на пример, во текот на агресивно спроведени опрации на апсење, претрес и запленување. Оттука, освен ако подносителот не тврди дека се здобил со телесна повреда од страна на полицијата, властите не с еобврзани да започнат кривична постапка во врска со оспорените дела. Судот истакнал дека овој недостаток во кривичниот закон им овозможувал на оние кои се одговорни за нанесување психолошка траума да ја избегнат кривичната одговорност за своите постапки.
92.Жалителите во конкретниот случај се жалат исклучиво на негативните психолошки ефекти од полициската операција спроведена во нивниот дом утрото на 31 март 2010 г. Тие не тврдат дека биле физички нападнати од страна на полициските службеници. Оттука, се чини дека ако тие беа поднеле кривична пријава против полициските службеници во прашање, обвинителството неизбежно ќе одбиело да поведе кривична постапка заради истиот правен недостаток утврден од страна на Судот во пресудата Hristovi, цитирана погоре. Следува дека кривичниот правен лек кој е вообичаено достапен и ефикасен во случаи на физичко насилство нанесено од страна на полицијата бил осуден на неуспех уште од самиот почеток во специфичните околности обжалени од страна на жалителите. Судот затоа не може нив да ги критикува затоа што не поднеле кривична пријава до належното обвинителство против полицајците вклучени во полициската операција.
93. Судот понатаму забележува дека во својата пресуда Mirosław Garlicki v.Poland (бр. 36.921 / 07, § 77, 14 Јуни 2011 г.), тој укажал дека граѓанската тужба за отштета предвидена со полскиот закон во случаи на прекршување на личните права, како правото на здравје, слобода, чест и достоинство претставувала соодветен надомест во однос на наведената повреда на членот 3, во случај во кој жалителот се жалел исклучиво на негативните психолошки ефекти од неговото апсење од страна на маскирани полицајци, коешто се случило пред голем број на луѓе и оттука имало широка медиумска покриеност. Тој забележува дека жалителите во конкретниот случај, исто така, се жалеле на психолошките последици од полициската операција против нив. Владата тврдела дека жалителите можеле да поднесат барање за отштета согласно со Заонот за одоворност на државата и на општините за нанесена штета (видете став 82 погоре). Сепак, Судот смета дека, за разлика од случајот на Mirosław Garlicki(цитиран погоре, ставови 77 и 78), каде жалителот имал на располагање неколку ефективни домашни правни лекови, какво и да е барање за отштета поднесено од страна на четворицата жалители, согласно со член 1 или 2 од горенаведениот бугарски закон не би имало шанси да успее, заради причините наведени подолу.
94. Судот потсетува во овој поглед дека членот 1 од Законот за одоворност на државата за наесена штета им овозможува на поединците да поведат постапка за нанесена штета против државата заради незаконски одлуки, дела или пропусти на државните органи или службени лица во извршувањето на нивните административни должности. Според воспоставената судска пракса на највисоките судови во Бугарија, дела извршени од страна на истражните органи и органите за судско гонење во контекст на кривична постапка не спаѓаат во нивните административни обврски и со тоа не потпаѓаат под членот 1 од горенаведениот закон (видете став 67 погоре Iliya Stefanov[1] ..., § 28). Судот забележува дека полициската операција во домот на жалителите била спроведена во контекст на кривична постапка и имала за цел апсење на г-дин Гуцанов и претрес на неговиот дом заради прибирање докази. Така, според судската пракса на домашните судови, операцијата била дел од истражните мерки преземени во текот на овие постапки и не ја вклучувала деликтната одговорност на државата за нанесена штета, согласно член 1 од горенаведениот закон.
95.Што се однесува на применливоста на членот 2 од истиот закон, Судот забележува дека единствените претпоставки што можеле да се применат во околностите на случајот биле наодот дека притворувањето на г-дин Гуцанов било незаконски и прекинот на кривичната постапка против него, односно неговото ослободување во прв степен или по жалба (видете став 67 погоре). Меѓутоа, Судот забележува дека судовите на кои г-дин Гуцанов се обратил утврдиле дека неговиот притвор бил во согласност со домашното право .... Тој понатаму забележува дека, според последните информации добиени од првиот жалител, кривичната постапка во прашање е се уште е во прелиминната истражна фаза .... Во овие околности, барање поднесено согласно членот 2 од Законот за одговорност на државата за нанесна штета, онака како што бил формулиран во релевантниот период, ќе било осудено на неуспех.
96.Судот исто така забележува дека какoв и да е поднесок според членот 2 од горенаведениот закон во случај на прекин на кривичната постапка против г-дин Гуцанов или на негово ослободување не би овозможил изречно или премолчено признавање на повредата на неговото право да не биде подложен на нечовечко или понижувачко постапување: ваквата постапка ќе требало да утврди дека нанесената штета произлегла од покренатото обвинение за кривично дело во постапка која подоцна била прекината или завршила со ослободителната пресуда. Соодветно на тоа, испитувањето на фактите од страна на домашните судови ќе било ограничено на чисто формални наоди и не би ја опфатило вистинската суштина на жалбените наводи на жалителите, имено неопходноста на користените методи од страна на полицијата за постигнување на целта на операцијата, и негативните психолошки ефекти од операцијата за спроведување на законот врз четворицата жалители.
97. Накусо, Cудот смета дека, заради недостатоците во домашното законодавство, ниту кривичната пријава, ниту барањето за отштета против државата на кое се повикувала Владата не би претставувале доволно ефикасни домашни правни лекови во конкретниот случај. Кривичниот правен лек би бил осуден на неуспех поради отсуството на одредби во бугарскиот закон што би го сметале за прекршок нанесувањетo на психичко страдање (видете ставови 90-92 погоре), додека барањето за отштета против државата ќе било неефикасно поради ограничениот опфат на контролата што домашните судови можеле да ја направат во рамките на ваква постапка (видете ставови 94-96 погоре). Владата не се повикала на ниеден друг правен лек кој би овозможил обештеување на жалителите за наводната повреда на нивните права согласно член 3 од Конвенцијата. Во поглед на овие елементи и на аргументите наведени погоре, Cудот смета дека приговорот на владата за неисцрпеност на правните лекови треба да се отфрли.
(ii) Усогласување со другите услови за допуштеност
98. Владата, исто така, тврде дека жалбениот навод според член 3 од Конвенцијата бил поднесен предвреме со оглед на тоа дека прелиминарната истрага во врска со г-дин Гуцанов била се уште во тек. Судот не може да увиди постоење на директна врска меѓу кривичната постапка на која се повикува владата и жалбениот навод на жалителите: постапката во прашање нема за цел да утврди дали државните агенти ги заштитиле физичката благосостојба или достоинство на жалителите, туку да утврди дали г-дин Гуцанов е виновен за заговор и за разни други кривични дела поврзани со неговата позиција како претседател на варненскиот општински совет ....
99. Дури и претпоставувајќи дека владата очекува кривичната постапка да биде прекината или г-дин Гуцанов да биде ослободен, што ќе му овозможи на истиот да поднесе барање за отштета според членот 2 на Законот за одговорост на државата за нанесена штета (видете став 95 погоре), Судот повторува дека поднесување на барање од ваков вид не може да доведе до утврдување на постоење повреда на правото на жалителите да не бидат подложени на нечовечко или понижувачко постапување во текот на полициската операција во нивниот дом (видете став 96 погоре). Со оглед на овие согледувања, Судот не може да им префрли на жалителите заради тоа што се обратиле до него пред да се заклучи кривичната постапка против г-дин Гуцанов. Следува дека сегашната жалба не е преуранета и дека прелиминарниот приговор на владата треба да се отфрли.
100. Владата, исто така, тврдела дека жалителите не постапиле согласно шестмесечниот рок утврден со член 35 став 1 од Конвенцијата. Судот повторува дека правилото за шест месеци е тесно поврзано со правилото за исцрпување на домашните правни лекови, со оглед на тоа што рокот од шест месеци тече од датумот на одлуката која се смета за конечна водејќи сметка за прашањето на примената на исцрпувањето на домашните лекови (видете, меѓу други, Paul and Audrey Edwards v. the United Kingdom (dec.), бр. 46477/99, 7 јуни 2001 г). Сепак, кога не постојат соодветни правни лекови на располагање во домашното право, периодот од шест месеци во принцип почнува да тече од датата на која се случило спорното дело (видете Gongadze v. Ukraine, бр. 34056/02, § 155, ECHR 2005‑XI).
101.При испитувањето на приговорот за неисцрпување покренат од страна на Владата, Судот забележал дека ниту еден од правните лекови на кои таа се повикувала не го задоволувал барањето за ефективност согласно членот 35 став 1 од Конвенцијата. Така, во овој случај, почетокот на периодот од шест месеци треба да биде датумот на настаните кои довеле до жалбениот навод според член 3, односно, 31 март 2010 година. Со оглед на тоа што жалителите ја поднеле својата жалба на 21 мај 2010 година, Судот забележува дека рокот од шест месеци за поднесување на жалба бил задоволен во конкретниот случај. Покренатиот приговор за недопуштеност во тој поглед оттука мора исто да биде отфрлен.
102.Конечно, Владата го оспорила статусот на жртви на жалителите, тврдејќи дека тие не биле подложени на третман спротивен на членот 3. Судот смета дека овој приговор треба да се приклучи кон испитувањето на основаноста на жалбениот навод според членот 3 од Конвенцијата. Тој забележува дека овој жалбен навод не е очигледно неоснован во смисла на членот 35 став 3 (а) од Конвенцијата и дека тој не е недопуштен по било која основа. Поради тоа мора да биде прогласен за допуштен.
2. Жалбениот навод во врска со недостатокот на кривична истрага за настаните
103. Судот смета дека жалителите го покренале овој жалбен навод во нивните писмени забелешки од 6 јануари 2012 година. При испитувањето на допуштеноста на нивниот жалбен навод согласно членот 3, во однос на неговата суштина, сепак, тој забележа дека секоја кривична пријава која бара отворање на истрага за настаните ќе била осудена на неуспех уште од самиот почеток со оглед на отсуството на каква и да е одредба во домашниот закон која предвидува кривични казни во однос на дела извршени од полицајци кои предизвикале психичко страдање (видете став 92 погоре); на овој аргумент, згора на тоа, се повикале самите жалители (видете став 84 погоре).
104. Судот повторува дека, според својата воспоставена судска пракса, почетна точка на периодот од шест месеци за поднесување на жалба е датумот на кој обжаленото дело се случило, во случај кога домашното право не нуди соодветни правни лекови (видете став 100 погоре). Затоа тој смета дека, во конкретниот случај, периодот од шест месеци за поднесување жалба согласно процедуралните аспекти на членот 3 почнал на 31 март 2010 година. Меѓутоа, жалителите ја поднеле жалбата една година и девет месеци подоцна. Следи дека овој жалбен навод била поднесен надвор од предвидените временски рамки и мора да биде отфрлен согласно член 35, ставови 1 и 4 од Конвенцијата.
Б. Основаноста
1. Поднесоците на страните
a) Жалителите
105. Жалителите се жалеле дека начинот на кој полициската операција во нивниот дом била извршена бил некомпатибилен со членот 3 од Конвенцијата. На 31 март 2010 година, пред зори, група маскирани и тешко вооружени полицајци влегле насила во нивната куќа без претходно овластување. Специјалците влегле во спалната соба на г-дин и г-ѓа Гуцанови и го впериле своето оружје кон двете малолетни ќерки на двојката. Г-дин Гуцанов, влијателен и почитуван политичар, бил принудени да коленичи и му биле ставени лисици на рацете.
106. Според жалителите немало причина полициската операција да биде планирана и извршена на овој начин, особено со оглед на тоа што г-дин и г-ѓа Гуцанови биле угледни луѓе кои биле добро познати во градот. Ниту еден од нив немал криминално досие и немало причина да се претпостававува дека тие ќе понудат отпор на полицајците надлежни за спроведување на законот. Претресот на нивниот дом не претставувал итна истражна мерка според членот 161 став 2 од Законот за кривична постапка. Според жалителите, сите овие елементи посочувале на една вистинска намера тие да бидат заплашени, да им биде поткопано достоинството и и да им се предизвика чувство на немоќ наспроти постапките на полицајците .
107.Дејствата на полициските службеници имале негативен психолошки ефект врз жалителите. Особено, г-ѓа Гуцанова и нејзините две ќерки, на возраст од пет и седум години, биле подложени на значителен психолошки притисок, како што е наведено од страна на психијатрите кои ги ги прегледале кратко време по настаните во прашање. Г-дин Гуцанов, почитуван политичар кој припаѓал на опозициска политичка партија, бил жртва на брутално апсење со голема медиумска покриеност и кое, заедно со апсењата на други политичари, било дел од пропагандна кампања од страна на владејачката партија. Психолошките последици од оспореното постапување биле доволно силни за да надмине потребниот праг наведен во член 3 и за постапувањето во прашање да биде оквалификувано како „понижувачко“.
(б)Владата
108. Владата ги оспорила наводите на жалителите и нивната верзија на настаните. Таа навела дека полициската операција на 31 март 2010 била планирана прецизно и извршена на начин со кој се почитувале достооинството и правата на жалителите. Апсењето на г-дин Гуцанов и претресот на неговиот дом биле извршени во рамките на кривична истрага за сериозни прекршоци кои вклучувале неколку осомничени соучесници. Полицијата била информирана дека г-дин Гуцанов чувал пиштол во својот дом.
109. Полициската операција била отпочната по изгрејсонце, односно, по 6 часот. Полицијата тропнала на портата на имотот на жалителите, го најавила своето присуство и побарала да се отвори металната порта. Чуварот ја отворил портата, но објаснил дека тој немал клуч за влезната врата на куќата. Полицијата се стрчала кон вратата и затропала, барајќи да биде веднаш отворена. Г-дин Гуцанов се појавил двапати на прозорецот на куќата; ја видел и идентификувал полицијата според униформите, но не слегол да ја отвори вратата. Во тој момент, плашејќи се дека тој би можел да ги уништи доказите, да го земе своето огнено оружје или да се обиде да избега, специјалците насила ја отвориле вратата од куќата. Тие го упасиле г-дин Гуцанов на вториот кат, додека тој се обидувал да влезе во спалната соба каде што се наоѓале неговата сопруга и двете деца.
110. Според Владата, г-дин Гуцанов не бил принуден да коленичи. Полицајците му ставиле лисици без користење на специјални техники за имобилизација и не го впериле своето оружје кон неговата сопруга и ќерки. Единствениот полициски службеник кој отишол во спалната соба на вториот кат носел само електричен пиштол за зашеметување и не се обратил на децата или на г-ѓа Гуцанова. Специјалците останале во куќата само неколку минути и ги напуштиле просториите откако г-дин Гуцанов бил уапсен. Набрзо потоа, на жалителот му биле извадени лисиците.
111. Постапките на полициските службеници биле усогласени со домашното право. Претресот бил одобрен од страна на судија во рок од дваесет и четири часа по неговото спроведување и регионалното јавно обвинителство, врз основа на информациите обезбедени од страна на властите, утврдило дека полицајците не извршиле никакво кривично дело.
112. Владата признала дека влегувањето на полицијата во домот и претресот на куќата, несомнено предизвикале негативни чувства кај жалителите. Сепак, таа тврдела дека тоа биле нормални и неизбежни последици на овој вид на истражни мерки; Оттука, непријатноста што била предизвикана не го надминала прагот над кој членот 3 од Конвенцијата се применувал. Ова било потврдено, на пример, од фактот што постарото од двете девојчиња биле однесено во училиште, како и обично. Владата, исто така, тврдела дека ако г-дин Гуцанов ја беше отворел влезната врата на куќата, полициските службеници немало да требаат да употребат посебни мерки за да влезат во неговиот дом, што ќе ги поштедело членовите на неговото семејство од непријатноста што ја доживеале.
2. Оценка на Судот
(a) Фактите
113.Судот повторува дека наводите за нессодветно постапување во спротивност со членот 3 од Конвенцијата мора да бидат поддржани со соодветен доказ. За утврдување на фактите, Судот ги применува стандардите на доказ „надвор од разумно сомневање“ (видете >Ireland v. the United Kingdom, 18 јануари 1978, § 161 in fine, Серија A бр. 25). Сепак, таков доказ може да произлезе од коегзистенцијата од доволно строги, јасни и усогласени заклучоци или од слични непобитни фактички претпоставки (видете Salman цитирана погоре, § 100).
114.Судот забележува дека случувањата околу полициската акција во домот на четирите жалители не биле предмет на никаква контрола од страна на домашните судови. Кога бил соочен со слични ситуации, Судот вршел своја оценка на фактите истовремено почитувајќи ги правилата утврдени од страна на сопствената судска пракса за таа цел (видете, на пример,Sashov and Others v. Bulgaria, бр. 14383/03, § 48, 7 јануари 2010).
115. Врз основа на овие принципи, Судот смета дека е соодветно да ги земе како појдовна точка на својата анализа околностите кои не се спорни меѓу странките и изведените докази од нив. Исто така, тој ќе ги земе предвид оние наводи на странките кои се доволно поткрепени со неоспорени факти и наведени докази.
116.Не е спорно меѓу странките дека полициската операција во домот на жалителите почнала кратко време по 6 часот и 30 минути на 31 март 2010 година. Снимки од безбедносните камери на имотот доставени до Судот, како и временска прогноза од варненската метеоролошка служба, го потврдиле тврдењето на жалителот дека операцијата се одржала пред изгрејсонце, некаде околу зори (видете ставови 20 и 21 погоре).
117. Страните, исто така се согласуваат дека полицискo оперативниот тим бил составен од униформирани полицајци, од полицајци во цивилна облека и специјалци кои биле вооружени и маскирани. Видео снимката доставена од страна на жалителите (видете став 21 погоре) и извештаите доставени од страна на Владата (видете ставови 22, 24 и 27 погоре) го потврдиле ова.
118. Фактот дека имало огнено оружје и муниција во домот на жалителите е исто така неспорен и е утрврден со извештајот од претресот. Јасно е од страна на забелешките на Владата и од извештаите што таа ги доставила дека полициските службеници биле предупредени од страна на нивните претпоставени за присуството на оружје (видете ставови 23 и 27 погоре).
119. Исто така, страните се согласни дека портата од имотот на жалителите била отворена доброволно од страна на чуварот на барање на полициските службеници (видeте членови 13 и 24 погоре). Освен тоа, сцената била снимена и регистрирана од страна на системот за видео-надзор на имотот (видете став 21 погоре). Страните, исто така се согласуваат дека чуварот ги информирал полицијаците за идентитетот на оние кои биле присутни во куќата и за фактот дека тој немал клуч од влезната врата, и дека вратата била насила отворена од страна на специјалците кои влегле во куќата и го уапсиле г-дин Гуцанов (видете ставови 13, 14, 24 и 25 погоре).
120. Ниту една од страните не го оспорува фактот дека жалителите не биле физички повредени за време на полициската операција. Потврдите за извршените психијатриски прегледи на г-ѓа Гуцанова и нејзините две ќерки (видете ставови 30 и 31 погоре) не биле оспорени од страна на Владата.
121. Првото несовпаѓање меѓу верзиите на настаните на страните се однесува на описот на однесувањето на г-дин Гуцанов. Според Владата, тој се појавил двапати на еден од прозорците на куќата, ги видел полицајците и ги слушнал нивните повици, но не ја отворил влезната врата (видете став 25 погоре). Првиот жалител, пак, изјавил дека тој не сфатил дека тоа било полициска операција се додека специјалците не влегле во куќата и почнале да се качуваат по скалите (видете став 16 погоре).
122.Доказите на располагање на Судот не му овозможуваат да утврди дали жалителот всушност се појавил на прозорецот на својата куќа и намерно одбил да им ја отвори влезната врата на полициските службеници. Сепак, тој забележува дека никој не оспорува дека полицајците тропале на предната порта на имотот и го најавиле своето присуство на чуварот со гласно викање. Според полициските службеници, тие потоа затропале на влезната врата на куќата и извикале „Полиција!Отворете!". Ова тврдење е потврдено од изјавите дадени од страна на г-дин и г-ѓа Гуцанови, според кои тие биле разбудени од извици и тропања на вратата на куќата (видете став 15 погоре). Г-дин Гуцанов изјавил дека тој слегол на првиот кат од куќата да ги земе двете деца пред да се врати до спалната на вториот кат. Ова тврдење било потврдено со верзијата на полициските службеници кои ја виделе контурата на човек низ прозорците на куќата (видете став 25 погоре).
123. Што се однесува до точното место на кое г-дин Гуцанов бил уапсен, Судот забележува дека тој самиот признал во неговата изјава дека кога полицајците насилно ја отвориле вратата и му упатиле вербални предупредувања, тој отрчал до спалната на вториот кат, каде што биле неговата сопруга и деца (видете параграф 16 погоре). Судот не е во позиција да утврди дали г-дин Гуцанов бил уапсен во спалната соба на вториот кат од куќата, како што тој тврди, или на столбиштето на вториот кат откако тој излегол од спалната соба своеволно, како што тврдела Владата. Ниту пак било утврдено без да постои какво и да е разумно сомневање дека полицајците разговарале со госпоѓа Гуцанова и и побарале да ги покрие децата со покривката. Во секој случај, Судот забележува дека, според сведоштвата дадени од страна на специјалците (видете ставови 25 и 27 погоре), тие ги виделе сопругата и децата на г-дин Гуцанов внатре во спалната соба, кога отишле на вториот кат од куќата следејќи го г-дин Гуцанов. Судот прифаќа дека г-ѓа Гуцанова и нејзините две ќерки, исто така, ги виделе вооружените и маскирани лица, ако ништо друго пред вратата од спалната.
124. Според Судот, тврдењето на г-дин Гуцанов дека тој бил принуден да коленичи за полицајци да му стават лисици не било докажано без да постои никакво разумно сомневање. Што се однесува до ставањето лисици, не е спорно дека специјалците му ставиле лисици на г-дин Гуцанов на подолниот кат од куќата (видете став 16 погоре). Сепак, Судот забележува дека ниту една од страните не го навела колку време г-дин Гуцанов останал со лисици на рацете. Во секој случај, Судот не може а да не забележи дека нема докази во предметот за да се покаже дека првиот жалител бил принуден да се појави со лисици на рацете пред камерите на новинарите кои се биле насобрале пред влезот на имотот тој ден. Понатаму, фотографијата снимена кога тој излегувал од куќата, околу 13 часот, не покажува дека тој имал лисици .... Според тоа, Судот смета дека конкретниот случај треба во тој поглед да се разликува од случајот на Мирослав Гарлицки (Mirosław Garlicki), (наведен погоре, став 75), во кој жалителот бил уапсен на своето работно место пред неговите колеги и пациенти, му биле ставени лисици и бил снимен.
(б) Усогласеност со членот 3 во конкретниот случај
125. Судот повторува дека нессодветното постапување мора да постигне минимално ниво на сериозност за да спадне во делокругот на член 3. Оценката на овој минимум е релативна: зависи од сите околности на случајот, како што се траењето на постапувањето, физичките и менталните последици и, во некои случаи, полот, возраста и здравствената состојба на жртвата. Судот оценил дека дадено постапување било „нечовечко“ затоа што, меѓу другото, било изведено со предумисла, траело со часови и предизвикало или телесни повреди или интензивни психички и ментални страдања и исто така било„понижувачко“ затоа што било изведено на начин да предизвика кај жртвите чувство на страв, болка и инфериорност кои биле понижувачки и навредувачки (видете Labita v. Italy [GC], бр. 26772/95, § 120, ECHR 2000‑IV). Психичко страдање може да произлезе од ситуација во која државни агенти намерно всадуваат страв кај поединци заканувајќи им се дека ќе ги убијат или лошо ќе постапуваат кон нив (видете Христови, цитирана погоре, § 80).
126.Членот 3 не забранува употреба на сила од страна на полициски службеници за време на апсење. Сепак, употребата на сила мора да биде пропорционална и апсолутно неопходна во околностите на случајот (видете, меѓу другите, Rehbock v. Slovenia, бр. 29462/95, § 76, ECHR 2000‑XII, и Altay v. Turkey, бр. 22279/93, § 54, 22 мај 2001). Во овој поглед, важно е, на пример, дали постои причина да се мисли дека засегнатото лице ќе се спротивстави на апсење или побегне, ќе предизвика повреда или штета или ќе отстрани докази (видете Raninen v. Finland, 16 декември 1997, § 56, Reports 1997‑VIII). Судот особено повторува дека каква и да е употреба од страна на државни службеници на физичка сила против лице која не била стриктно неопходна поради неговото или нејзиното однесување, го повредува човечкото достоинство и во принцип е повреда на правото предвидено во член 3 (видете Rachwalski and Ferenc v. Poland, бр. 47709/99, § 59, 28 јули 2009 г. ). Овој тест на строга пропорционалност, исто така, бил применуван од Судот во ситуации каде што засегнатите поединци веќе биле во рацете на полициските служби (видете, меѓу другото, Klaas v. Germany, 22 септември 1993, § 30, Серија A бр. 269; Rehbock, наведен погоре , §§ 68-78; и Milan v. France, бр. 7549/03, §§ 52-65, 24 јануари 2008).
127. Осврнувајќи се на фактите на конкретниот случај, Судот забележува дека операцијата ги имала за легитимна цел апсењето, претресот и на заплената на предмети, како и целта од јавен интерес на гонењето кривични дела. Тој мора да се осигура дека била обезбедена вистинска рамнотежа во околностите на случајот меѓу барањата на општиот интерес и барањата за заштита на основните права на поединецот. Тој забележува дека, иако четворицата жалители не биле физички повредени во текот на оспорената полициска операција, таа нужно вклучувала степен на физичка сила. Влезната врата на куќата била насила отворен од страна на тимот специјалци, г-дин Гуцанов бил имобилизиран од маскирани вооружени полицајци, одведен долу насила и врзан со лисици. Cудот затоа мора да утврди дали оваа употреба на физичка сила била пропорционална и апсолутно неопходна, во конкретниот случај.
128.Целта на полициската операција во домот на жалителите тој ден била да го уапси г-дин Гуцанов, кој бил осомничен за кривично дело во врска со проневера на јавни фондови, и да се изврши претрес на просториите заади барање физички и документарни докази во контекст на истата криминална истрага. Произлегува од доказите во предметот дека истрагата во прашање била отворена пет месеци претходно, дека имало неколку осомничени во случајот и дека властите се сомневале дека постоло криминално здружување (видете [став] 9 ... погоре). Случајот јасно не се однесувал на група на поединци осомничени за сторени насилни криминални дела.
129. Во однос на личноста на г-дин Гуцанов, Судот забележува дека тој бил добро позната политичка фигура во Варна: во тоа време тој бил претседател на градскиот совет. Исто така, не постои доказ во предметот кој укажува дека тој имал претходна историја на насилство и дека можел да претставува опасност за полицајците кои ја спроведувале операцијата во неговиот дом.
130. Точно е дека г-дин Гуцанов бил законски сопственик на огнено оружје и муниција што ги чувал во својот дом. Овој факт и бил познат на полицијата и бил специјално споменат на брифингот на полицискиот тим пред операцијата (видете став 23 погоре). Ова било несомнено релевантен фактор кој морал да биде земен во предвид од страна на полицајците за време на операцијатата во домот на жалителите. Сепак, Cудот смета дека присуството на оружјето во домот на жалителите не било доволно само по себе за да ги оправда употребата на единицата за специјални операции или пак степенот на сила кој бил искористен во конкретниот случај.
131. Јасно е од предметот дека можното присуство на сопругата и малолетните деца на г-дин Гуцанов не било земено во предвид во која и да е фаза од планирањето и извршувањето на полициската операција. Фактот не бил споменат во текот на брифингот пред операцијата (видете став 23 погоре) и полицајците очигледно не му обрнале внимание на предупредувањето од страна на чуварот дека имало мали деца во куќата (види став 24 погоре).
132.Се разбира, Судот не би можел да оди дотаму и да бара од полициските служби да не апсат лица осомничени за криминални престапи во нивните домови кога нивните деца или сопружници се присутни. Сепак, тој смета дека евентуалното присуство на членовите на семејството на местото на апсење е околност која мора да биде земена во предвид во планирањето и спроведувањето на овој тип на полициска операција. Тоа не било направено во конкретниот случај и полициските служби не ја разгледале можноста за алтернативни средства за спроведување на операцијата во домот на жалителите, како што е организирање на операцијата малку подоцна или дури и користење на различен вид на полицајци во операцијата. Земањето во предвид на легитимните интереси на г-ѓа Гуцанова и на нејзините ќерки било особено потребно бидејќи таа не била осомничена за вмешаност во кривичните дела за кои нејзиниот сопруг бил осомничен, а нејзините две ќерки биле психички ранливи со оглед на нивната млада возраст (пет и седум години).
133.Судот, исто така, забележува дека отсуството на претходна судска контрола во однос на потребата од и законитоста на претресот го оставило планирањето на операцијата во целосна надлежност на полицијата и истражните кривични органи и не овозможило правата и легитимните интереси на г-ѓа Гуцанова и на нејзините две малолетни ќерки да бидат земени во предвид. Според Судот, таквата претходна судска контрола, во конкретните околности на конкретниот случај, би им овозможила нивните легитимни интереси да бидат извагани во однос на целта од јавен интерес на апсење на лица осомничени за сторено кривично дело.
134.Што се однесува до психолошките последици од полициската операција на жалителите, Судот забележува дека полициските операции кои подразбираат интервенција во домот и апсење на осомничените, неизбежно предизвикуваат негативни емоции кај лицата против кои се насочени. Mеѓутоа, во овој случај, постојат конкретни, неоспорени докази дека г-ѓа Гуцанова и нејзините две малолетни ќерки биле многу сериозно погодени од настаните. Г-ѓа Гуцанова посетила психијатар во два наврати жалејќи се на несоница и акутна анксиозност и и бил препишан лек за смирување (видете став 31 погоре). Двете девојчиња, исто така, биле прегледани од страна на психијатар кој забележал дека, кога се присеќале на настаните, тие реагирале со плачење или со акутна анксиозност (види став 30 погоре). Г-ѓа Гуцанова изјавила дека нејзината помлада ќерка Б. почнала да пелтечи повторно (видете став 28 погоре). Што се однесува до С, постарата ќерка на двојката, изјавите на нејзината тетка и на нејзината наставничка, укажувале дека таа била длабоко погодена од полициската операција во нејзиниот дом и од апсењето на нејзиниот татко (видете став 29 погоре). Судот исто така смета дека фактот што полициската операција се одржала во раните утрински часови и биле вклучени маскирани специјалци, кои биле видени од г-ѓа Гуцанова и нејзините две ќерки, влијаело да се зголеми чувството на страв и вознемиреност искусени од страна на овие три жалителки, до таму што постапувањето на кое тие биле подложени го надминало прагот на сериозност потребен за членот 3 од Конвенцијата да се применува. Судот заради тоа смета дека овие три жалителки биле подложени на понижувачко постапување.
135.Што се однесува до негативните психолошки ефекти од полициската операција врз г-дин Гуцанов, Судот не може а да не забележи дека првиот жалител не изнел никакви медицински докази за оваа цел. Сепак, тој тврдел дека понижувањето и вознемиреноста што ги искусил во текот на насилната операција за негово апсење, пред членовите на неговото семејство, биле доволно интензивни за членот 3 да се применува во неговиот случај (видете став 107 погоре).
136. Судот ги повторува своите наоди за тоа дека полициската операција во прашање била планирана и извршена без да води сметка за голем број на релевантни фактори како што се природата на кривичните дела за кои г-дин Гуцанов бил осомничен, фактот дека тој немал претходна историја на насилство и можното присуство на неговата сопруга и ќерки во семејниот дом. Сите овие елементи јасно укажуваат на претераноста на користењето на специјалци и специјални постапки со цел да го уапсат првиот жалител и да и овозможат на полицијата да влезе во неговиот дом. Судот смета дека, во однос на овие околности, начинот на кој било спроведено апсењето на г-дин Гуцанов - многу рано наутро, од страна на неколку вооружени и маскирани полицајци кои ја обиле вратата и влегле насила во куќата, пред уплашениот поглед на сопругата и двете малолетни ќерки на г-дин Гуцанов - предизвикал силни чувства на страв, болка и немоќ кај првиот жалител кои го понижиле и снижиле во неговите сопствени очи и во очите на неговите блиски роднини. Судот смета дека интензитетот на овие чувства го надминал прагот на тежина потребна за членот 3 да се применува. Соодветно на тоа, г-дин Гуцанов исто така бил подложен на понижувачко постапување.
137.Во заклучок, откако ги земал предвид сите релевантни околности во конкретниот случај, Судот смета дека полициската операција во домот на жалителите не била испланирана и спроведена на начин да се осигура дека употребените средства се строго неопходни со цел да се постигне крајната цел на апсење на лице осомничено за сторено кривично дело и на собирање докази во контекст на кривична истрага. Четирите жалители биле подложени на тешко психолошкo искушение кое кај нив предизвикало силни чувства на страв, болка и немоќ и кое, со оглед на негативните последици, може да се смета за понижувачко постапување според член 3. Оттука произлегува дека имало повреда на таа одредба во овој случај.
...
ЗАРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучи да се приклучи, за основаноста, кон приговорот на Владата што се однесува на статусот на жртва на жалителите во однос на жалбениот навод според членот 3 од Конвенцијата;
2. Ја прогласи, едногласно, жалбата што се однесува на жалбените наводи според членот 3 за допуштена ...;
3. Оцени, едногласно, дека имало повреда на членот 3 во однос на четирите жалители;
...
Изготвено на француски, и потоа објавено на 15 октомври 2013 година, согласно членот 77 ставови 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Франсоаз Еленс-Пасос Инета Зиемеле Секретар Претседател
Согласно со членовите 45 став 2 од Конвенцијата и членот 74 став 2 од Деловникот на Судот, издвоеното мислење на судијата Војцек е ставено во анекс на оваа пресуда.
И.З.
Ф.Е.П.
Издвоеното мислење не е преведено, но тоа е дел од официјалните верзии на пресудата на англиски јазик и француски јазик кои може да се најдат во датабазата на судската пракса на Судот - HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2014.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
[1] Белешка на лекторот: Iliya Stefanov v. Bulgaria, бр. 65755/01, 22 мај 2008.
Full & Egal Universal Law Academy